Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата. Земјата беше безоблична и празна; и имаше темнина над бездната; Духот Божји лебдеше над водата. И рече Бог: »Нека биде светлина!« И би светлина. И виде Бог дека светлината е добра; и ја оддели Бог светлината од темнината. И светлината Бог ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ. И би вечер, и би утро – ден први. Потоа рече Бог: »Нека има свод среде водата и тој да разделува вода од вода!« И создаде Бог свод; и ја одвои водата од под сводот од водата над сводот. Така и стана. И сводот Бог го нарече небо. И би вечер и би утро – ден втори. И рече Бог: »Нека се собере водата, што е под небото, на едно место, и нека се појави суво!« И стана така. И сувото Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече – мориња; и виде Бог дека е добро. И пак рече Бог: »Нека израсте од земјата зеленило – трева, што дава семе, според својот род и вид, и дрво плодородно на земјата, што дава плод и има во себе семе, според својот род и вид!« И стана така. И пушти земјата од себе зеленило: трева што дава семе според својот род и вид, а и дрво плодородно што раѓа плод, и чие семе е според нивниот род на земјата. И виде Бог дека е добро. И би вечер, и би утро – ден трети. Потоа рече Бог: »Нека се појават светила на сводот небески, што ќе ја осветлуваат замјата за да го делат денот од ноќта, и да бидат знаци и за времињата, и за деновите и за годините; и нека светат на сводот небески, за да ја осветлуваат замјата!« И би така. И создаде Бог две големи светила: светило поголемо да управува со денот, а светило помало да управува со ноќта, и ѕвезди; и ги постави Бог на сводот небески да ја осветлуваат земјата, и да управуваат со денот и ноќта, и да ја одделуваат светлината од темнината. И виде Бог дека е добро. И би вечер, и би утро – ден четврти. Потоа рече Бог: »Нека произведе водата лазачи, живи суштества, и птици да полетаат над земјата, под сводот небески!« И би така. И создаде Бог големи риби и секаков вид животни влекачи, а кои ги произведе водата, според нивниот род, како и секаков вид крилати птици, според родот нивни. И виде Бог дека е добро. И ги благослови Бог, велејќи: плодете се и множете се, и наполнете ја водата во морињата, и птиците нека да се множат на земјата. И би вечер, и би утро – ден петти. Пак рече Бог: »Нека произведе земјата од себе разни суштества според родот нивни: добиток, и лазачи, и ѕверки земни според нивниот род!« И би така. И создаде Бог ѕверови земни, според родот нивни, и добиток според родот негов, и секакви гадинки на земјата, според родот нивни. И виде Бог дека е добро. Потоа рече Бог: »Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над рибите морски, и над птиците небески, и над ѕверовите – над целата земја и над сите гадинки што се движат по земјата!« И го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде. И ги благослови Бог, и им рече: »Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги рибите морски, и ѕверовите, и птиците, и сиот добиток, и со целата земја, и со сите животни што лазат по земјата.« И рече Бог: »Еве, ви дадов секаков вид растение, што дава семе, и какво има по целата земја, и секакви дрвја, што во себе имаат семе според својот род и вид: тоа да ви биде за храна! А на сите ѕверови земни, и на сите птици небески, и на сѐ што се движи по земјата, и во кое има жива душа, им ги дадов сите тревни растенија, за да имаат да јадат.« Така и стана. И виде Бог дека е многу добро сѐ она што го беше создал. И би вечер, и би утро – ден шести. Така се доврши небото и земјата и сиот украс нивни. И ги заврши Бог до седмиот ден делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде. И го благослови Бог седмиот ден, и го освети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи и создаде. Ете така настанаа небото и земјата, во она време кога Господ Бог ги создаде земјата и небото. И секое растение полско, што уште не беше на земјата, и секоја тревка земна, што уште не беше никнала, зашто Господ Бог уште не праќаше дожд на земјата, ниту, пак, имаше човек што ќе ја обработува земјата, но се креваше пара од земјата. И ја натопуваше површината на целата земја. А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа. И насади Господ Бог рај во Едем, на исток; и таму го смести човекот што го создаде. И направи Господ Бог да израстат од земјата секакви дрвја, убави за гледање и добри за јадење, и дрвото на животот среде рајот, и дрвото за познавање на доброто и злото. И вода течеше од Едем, за да го наводнува рајот, а потоа таа се раздвојуваше во четири реки. Името на едната е Фисон; таа тече околу целата земја Хевилска, а таму има злато. Златото на таа земја е добро; таму има и бделиум и камен оникс. А на втората река името ѝ е Геон; таа ја опкружува целата земја Куш. Името, пак, на третата река е Тигар, а тече на исток од Асирија. Четвртата река е Ефрат. И, земајќи го Господ Бог човекот, кого го создаде, го воведе во градината Едемска, за да ја обработува и да ја пази. И му заповеда Господ Бог на човекот и рече: »Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавење на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.« И рече Господ Бог: »Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!« Тогаш Господ Бог ги создаде од земјата сите полски животни, и сите птици небески, и ги доведе кај човекот за да види како која ќе ја нарече тој, па, како што човекот ќе го нарече секое живо суштество, така да му биде и името. И им даде човекот имиња на сиот добиток, и на птиците небески, и на сите ѕверови полски; но за човекот не се најде помошник, сличен на него. Затоа Господ му прати на човекот тврд сон; па кога заспа, му зеде едно ребро, и местото го пополни со плот. И Господ Бог создаде жена од реброто, што го зеде од човекот, и ја доведе кај човекот. А човекот рече: »Еве сега коска од моите коски, и плот од мојата плот. Нека ѝ биде името жена, зашто е земена од мажот!« Затоа ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја и ќе се прилепи кон жената своја; и обата ќе бидат едно тело. И беа обајцата голи, Адам и жена му, и не им беше срам. Но змијата беше полукава од сите ѕверови полски, што ги создаде Господ Бог; па ѝ рече на жената: »Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?« А жената ѝ рече на змијата: »Ние јадеме род од секое дрво во рајот; – само од родот на она дрво среде рајот, – рече Бог, – не јадете и не се допирајте до него, за да не умрете!« Тогаш змијата ѝ рече на жената: »Не, вие нема да умрете! Бог знае оти оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло.« И жената, гледајќи дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав за гледање, и дека дрвото е пожелно поради знаењето, набра род од него и јаде, па му даде и на мажот свој, та и тој вкуси. Тогаш им се отворија очите на обајцата, и увидоа дека се голи; па исплетоа лисја од смокви и си направија опашала. И го чуја гласот на Господа Бога, кога Он одеше низ рајот во приквечерината; и се сокрија Адам и жена му. Но Господ Бог го повика Адама и му реча: »Адаме, каде си?« А тој одговори: »Го чув гласот Твој во рајот кога врвеше, па се уплашив, оти сум гол, и се сокрив.« И Господ рече: »Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од она дрво, од кое ти забранив да јадеш?« Адам, пак, рече: »Жената, која ми ја даде Ти, таа ми даде од дрвото, и јас јадев.« Тогаш Господ Бог ѝ рече на жената: »Зошто го направи тоа?« Жената одговори: »Змијата ме измами, и јас јадев.« На змијата, пак, ѝ рече Господ Бог: »Затоа што си го направила тоа, проклета да си меѓу сите животни и сите ѕверови полски; помешечки ќе се влечеш и прав ќе јадеш сѐ до крајот на својот живот! И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Он ќе ти ја гази главата, а ти ќе го каснуваш во петата.« А на жената ѝ рече: »Ќе ти ги умножам и преумножам маките кога си бремена; со болки ќе раѓаш деца, и ќе бидеш под власта на мажот свој, и тој ќе ти биде господар!« Па потоа му рече на Адама: »Бидејќи ја послуша жената и вкуси од дрвото, од кое ти забранив и реков: – не јади од него – затоа земјата нека биде проклета поради тебе; со мака ќе се храниш од неа сѐ до крајот на својот живот; трње и троскот ќе ти раѓа; и ти ќе јадеш трева полска. Со пот од лицето свое ќе јадеш леб, сѐ дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш!« И ја нарече Адам жената своја Ева, бидејќи таа стана мајка на сите живи. А Господ Бог им направи на Адама и на жената негова облеки од кожа, и ги облече во нив. И рече Господ Бог: »Ете, Адам стана како еден од Нас, знаејќи што е добро и што е зло; но сега да не ја испружи раката своја и да земе од дрвото на животот, и да вкуси, па да заживее вечно!« Тогаш Господ Бог го изгони од градината Едем, за да ја обработува земјата, од која беше земен. Откако, пак, го изгони Адама, постави на исток пред градината Едем херувим и огнено оружје, кое се вртеше и натаму и наваму, за да го пазат патот кон дрвото на животот. Потоа Адам ја позна жената своја Ева, која зачна и го роди Каина, и рече: »Придобив човек од Господа!« Го роди уште и брата му Авела. И Авел стана овчар, а Каин беше земјоделец. По некое време Каин му принесе на Господа дар од плодовите земни; а и Авел исто така принесе од првината на стадото свое и од маста. И Господ погледна милозливо на Авела и на неговите дарови; а на Каина и на неговите дарови не погледна милозливо. Затоа Каин се огорчи многу, и лицето му потемне. Тогаш му рече Господ Бог на Каина: »Зошто се огорчи? Зошто се помрачи лицето твое? Зарем, кога правиш добро, не го креваш ли лицето? А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата: тој те влече кон себе, но ти надвладај го!« И му рече Каин на својот брат Авела: »Да појдеме в поле!« А кога беа во полето, Каин скокна на Авела, братот свој, и го уби. Тогаш му рече Господ Бог на Каина: »Каде е братот твој, Авел?« А тој одговори: »Не знам; зар сум јас чувар на братот мој?« А Господ рече: »Што направи? Чуј! Гласот на крвта од братот твој вика од земјата кон Мене. Затоа да си проклет од земјата, што ја отвори устата своја да ја прими крвта на братот од раката твоја. Кога ќе ја обработуваш земјата, таа нема повеќе да ти ја дава својата сила; ти ќе бидеш изгнаник и скитник по земјата!« А Каин му рече на Господа: »Казната моја е толку голема, што не може да се носи. Ете, данес ме истеруваш од лицето на земјата, и од лицето Твое ќе се кријам и ќе бидам изгнаник и скитник по земјата: значи, секој што ќе ме сретне, ќе ме убие.« А Господ Бог му рече: »Тоа нема да се случи; оти, кој ќе го убие Каина, седумпати ќе се казни!« И му стави Господ Бог знак на Каина, за да не го убие никој, кој ќе го сретне. И си отиде Каин од пред лицето на Господа, и се насели како изгнаник во земјата Наит, источно од Едем. И ја позна Каин жената своја, а таа забремени и го роди Еноха. Потоа соѕида град и го нарече според името на својот син Енох. На Еноха му се роди Гајдад; а Гајдад го роди Малелеила; Малелеил, пак, го роди Матусала, а Матусал го роди Ламеха. Ламех зеде две жени: на едната ѝ беше името Ада, а на другата Села. Ада го роди Јовила, а од него се изродија оние, што пасат добиток и живеат под шатори. А на братот негов името му беше Јувал; од него се народија гуслари и свирачи. Села, пак, го роди Товела, кој беше ковач на секакви работи од бакар и железо; а сестра на Товела му беше Ноема. И им рече Ламех на жените свои, Ада и Села: »Чујте го гласот мој, жени Ламехови; послушејте ги зборовите мои: ќе убијам човек, кој ќе ме рани, и младич, ако ме удри. Ако Каин ќе се одмазди седумпати, Ламех ќе се одмазди седумдесет и седумпати!« Адам, пак, ја позна жената своја, и таа му роди син, и му даде име Сит. Зашто рече: »Господ ми даде син место Авела, кого го уби Каин.« И на Сит му се роди син, кого го нарече Енос. Тогаш почна да се призовува името на Господа Бога. Ова е родословот на Адама. Кога Бог го создаде човекот, го создаде според образот Божји. Маж и жена ги создаде, и ги благослови, и ги нарече – човек – во денот кога беа создадени. Адам поживе двесте и триесет години, кога му се роди син според подобието свое и според образот свој, и му даде име Сит. А откако го роди Сита, Адам поживе уште седумстотини години, раѓајќи синови и ќерки. И сите денови, што ги поживе Адам, изнесуваа деветстотини и триесет години; потоа тој умре. Сит, пак, поживе двесте и пет години и му се роди Енос. По раѓањето на Еноса, Сит живееше уште седумстотини и седум години, раѓајќи синови и ќерки; така поживе Сит вкупно деветстотини и дванаесет години; и умре. Енос, пак, живееше сто и дваесет години, кога му се роди Каинан. А откако го роди Каинана, Енос живееше уште седумстотини и петнаесет години, раѓајќи синови и ќерки; и така сите денови на Еносовиот живот изнесуваа деветстотини и пет години; потоа тој умре. Каинан, пак, поживе сто и седумдесет години и го роди Малелеила; а по раѓањето на Малелеила Каинан живееше уште седумстотини и четириесет години, раѓајќи синови и ќерки. И така Каинан поживе вкупно деветстотини и десет години; и умре. А Мелелеил поживе сто шеесет и пет години, и го роди Јареда. По Јаредовото раѓање Малелеил живееше уште седумстотини и триесет години, раѓајќи синови и ќерки. А сите денови од животот на Малелеила беа осумстотини деведесет и пет години; потоа тој умре. Јаред, пак, поживе сто и шеесет години и го роди Еноха; а откако го роди Еноха, Јаред живееше уште осумстотини години, раѓајќи синови и ќерки. Сите денови, пак, од животот на Јареда изнесуваа деветстотини шеесет и две години; и умре. Енох, откако поживе сто шеесет и пет години, го роди Матусала; а по раѓањето на Матусала, Енох одеше според волјата Божја двесте години, раѓајќи синови и ќерки. А сите денови од Еноховиот живот изнесуваа триста шеесет и пет години. И Енох, живеејќи според волјата Божја, исчезна, бидејќи Бог го зеде. Матусал, пак, поживе сто осумдесет и осум години, и го роди Ламеха; па, откако го роди Ламеха, Матусал живееше уште седумстотини осумдесет и две години, раѓајќи синови и ќерки; а сите денови од животот на Матусала беа деветстотини шеесет и девет години; потоа умре. Ламех, пак, откако поживе сто осумдесет и две години, доби син. и го нарече Ное, велејќи: овој ќе нѐ утеши во работите наши и во трудот на рацете наши на земјата, што Господ Бог ја проколна. А откако се роди Ное, Ламех поживе уште петстотини шеесет и девет години, раѓајќи синови и ќерки. Така поживе Ламех вкупно седумстотини педесет и три години; и умре. Ное имаше петстотини години, кога ги роди трите сина: Сима, Хама и Јафета. А кога луѓето почнаа да се множат на земјата, и ќерки им се народија, тогаш синовите Божји, гледајќи ги ќерките човечки дека се убави, ги земаа, кои што ги сакаа, за жени. И рече Господ Бог: »Духот Мој нема вечно да пребива во луѓето, зашто тие се тело; ете деновите нивни нека им бидат сто и дваесет години.« А имаше во тоа време џинови на земјата, особено, пак, кога синовите Божји почнаа да влегуваа при ќерките човечки и тие почнаа да им раѓаат; тоа се силните луѓе, прочуени од старото време. И виде Господ Бог дека лошотиите меѓу луѓето на замјата се големи, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време. И се покаја Бог што го беше создал човекот на земјата, па се огорчи во срцето Свое. И рече Господ: »Ќе ги истребам луѓето што сум ги создал, од земјата – од човекот до животното, ѕверовите и птиците небески – оти се кајам што ги создадов.« Но Ное најде милост пред очите на Господа Бога. Еве го животот на Ноја: Ное беше човек праведен и непорочен во својот род; Ное живееше секогаш според волјата Божја. И му се родија на Ное три сина: Сим, Хам и Јафет. А земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда. И погледна Господ Бог на земјата, и ете – таа беше расипана: бидејќи секоја плот беше се отклонила од својот пат на земјата. И му рече Господ Бог на Ноја: »Крајот на секое тело пред очите Мои дојде, зашто се исполни земјата со неправда од нив; и, еве, Јас ќе ги истребам нив од земјата. Изгради си за себе ковчег од дрвото гофер, и направи прегради во ковчегот; потоа намачкај го со смола одвнатре и однадвор. А изгради го вака: должината на ковчегот да биде триста лакти, ширината негова педесет лакти, а во висина да е триесет лакти. Направи и прозорец на ковчегот, и засводи го на еден лакот одозгора; стави му и врата на ковчегот отстрана и нека има три ката во него: долен, среден и горен. Јас ќе пуштам потоп, вода, на земјата, за да ја истребам под небото секоја плот, во која има дух животен, сѐ, што е на земјата, ќе изгине. Но со тебе Јас ќе направам завет Свој, а во ковчегот ќе влезеш ти, и со тебе и синовите твои, и жената твоја, и жените на синовите твои. И внеси во него исто така од сите животни, од секој добиток и од сите влекачи, и од секоја плот да има по две, за да останат со тебе во живот; а од машки и женски пол да бидат. Од птиците според родот нивни, и од добитокот според родот негов, и од сите влекачи според нивниот род, и тоа сѐ по две ќе влезат при тебе, за да останат живи со тебе, пород од машки и женски пол. И земи со себе секаква храна, со каква се хранат, и чувај ја при себе; тоа ќе биде храната за тебе и за нив!« И направи Ное сѐ: направи така како што му заповеда Господ Бог. И му рече Господ Бог на Ноја: »Влези во ковчегот ти и целиот дом твој, бидејќи те видов праведен пред Себе во овој род, и земи со себе од секое чисто животно по седум од машки и женски пол, а од животните нечисти по две, машки пол и женски пол; исто така и од птиците небески по седум, машки пол и женски, и од сите нечисти птици по две, за да им се зачува родот нивни по целата земја. Оти по седум дена ќе пуштам дожд на земјата, што ќе се излива четириесет дена и четириесет ноќи и ќе го истребам од земјата секое суштество, што сум го создал Јас.« И Ное направи сѐ што му заповеда Господ Бог. А Ное имаше шестотини години кога дојде потопот на земјата. И влезе Ное во ковчегот, и синовите негови, и жената негова, и жените на синовите негови со него, заради потопот од вода. И од животните чисти и од животните нечисти, и од птиците и од сѐ што се влечеше по земјата; влегоа при Ноја во ковчегот по две, машко и женско, како што му заповеда на Ноја Бог. А по седмиот ден дојдоа водите од потопот на земјата. Кога имаше Ное шестотини години, во вториот месец во таа година, дваесет и седмиот ден од тој месец, во тој ден бликнаа сите извори на големата бездна и се отворија окната небески; и се лиеше дожд на земјата четириесет дена и четириесет ноќи. Во истиот ден влезе во ковчегот Ное, и Сим, и Хам и Јафет, синовите негови, и жената Ноева, и трите жени на синовите негови со нив. Тие, и сите ѕверови според родот нивни, и добитокот според неговиот род, и сите гадови, што се влечеа по земјата, според нивниот род, и сѐ што лета, според родот негов, птиците сите и сѐ што има крилја, влегоа во ковчегот при Ноја по две единки од машки и женски пол од секоја плот, во која имаше животен дух; и тие што влегоа, машки и женски пол влегоа од секоја плот, како што му беше заповедал Бог. И Господ Бог потоа го затвори ковчегот однадвор. Натопувањето на земјата потраја четириесет дена и четириесет ноќи; водата надојде и го подзеде ковчегот; и тој се крена од земјата; водата се засилуваше многу и се умножуваше на земјата, и ковчегот пливаше врз водата. И се засили водата на земјата толку многу, што ги покри сите високи планини, какви што има под целото небо; петнаесет лакти се издигаше водата над планините, откако ги покри. Тогаш го изгуби животот секоја плот, што се движеше по земјата: и птиците, и добитокот, и ѕверовите, и сите лазачи, што се влечат по земјата, и сите луѓе; сѐ, што на суво имаше здив во ноздрите свои, изумре. И се истреби секое живо суштество, што се движеше на земјата: од човекот до ѕверот, лазачите и птиците небески – сѐ беше истребено од земјата; само Ное остана, и оние, кои беа со него во ковчегот. А водата се издигаше над земјата сто и педесет дена. И си спомна Бог за Ноја, и за сите ѕверови и сиот добиток, што беше со него во ковчегот; и навеа Бог ветар на замјата, и водите запреа. Изворите на бездната и окната небески се затворија, и дождот од небото престана. Водата почна постепено да опаѓа на замјата, и по сто и педесет дена намали. И се запре ковчегот во седмиот месец на седумнаесеттиот ден на ридовите од планината Арарат. Водата, пак, опаѓаше сѐ повеќе до десеттиот месец; и во првиот ден од десеттиот месец се покажаа врвовите на планините. А по четириесет дена го отвори Ное прозорецот на ковчегот, што го беше направил; И пушти гавран, да види дали се повлекла водата на замјата и, откако одлета, не се врати додека не се исуши водата. Потоа пушти гулаб, за да види дали исчезнала водата од лицето на земјата; но гулабот, бидејќи не најде каде да застане со своите нозе, се врати кај него во ковчегот, зашто уште имаше вода по целата земја; и Ное ја спружи раката, го фати и го зеде кај себе во ковчегот. Почека уште други седум дена, и повторно го пушти гулабот од ковчегот. Гулабот се врати кај него приквечер, и тоа, во клунот со свеж маслинов лист; така позна Ное дека опаднала водата од земјата. Почека потоа уште седум дена, и одново го пушти гулабот, а тој повеќе не му се врати. Во шестотини и првата година, во првиот ден од првиот месец на Ноевиот живот, ја снема водата од земјата; и Ное го отвори покривот, и ја виде земјата сува. А на дваесет и седмиот ден, од вториот месец, целата земја беше сува. Тогаш му рече Господ Бог на Ноја: »Излези од ковчегот, ти и жената твоја, а со тебе и синовите твои, и жените на синовите твои; сите животни, што се со тебе од секое суштество, од птиците, добитокот и сите влекачи што лазат по земјата, изведи ги со себе, нека се растурат по земјата, и нека се плодат и множат на земјата!« И излезе Ное, а со него и синовите негови, и жената негова, и жените на синовите негови; сите ѕверови, и сиот добиток и сите лазачи, сите птици – сѐ што се движи по земјата, според родот нивни, излегоа од ковчегот. И Му направи Ное жртвеник на Господа; зеде од секој чист добиток и од сите птици чисти, и принесе на жртвеникот жртви сепаленици. И Господ го почувствува мирисот пријатен, па рече Господ Бог, помислувајќи: »Нема повеќе да ја проколнувам земјата поради човекот, зашто помислите на срцето човечко се зли уште од младини; и нема повеќе да ги уништуам живите суштества, што ги создадов. Отсега, па сѐ дури постои земјата, нема да престанат сеењето и жнеењето, студот и горештината, летото и зимата, деновите и ноќите.« Тогаш Бог го благослови Ноја и синовите негови, и им рече: »Плодете се и множете се, и полнете ја земјата и владејте ја! А сите ѕверови земни и сите птици небески, и сиот земен добиток, и сѐ што се движи по земјата, и сите морски риби да се плашат од вас: во ваши раце се предадени. Сѐ што се движи и живее, ќе ви биде храна; сето тоа ви го дадов, како што ви го дадов зеленото растение. Само да не јадете месо во кое има уште душа, односно крвта негова. А и вашата крв, односно вашиот живот, ќе го барам; од секој ѕвер ќе го барам, ќе ја барам, исто така, душата човечка од раката на човек, од раката на братот негов; кој ќе пролее крв човечка, и неговата крв ќе се пролее од човечка рака; зашто човекот го создадов според образот Божји. Вие, пак, плодете се и множете се; ширете се на земјата и наполнете ја и владејте ја!« И му рече Господ на Ноја и синовите негови со него, велејќи: »А Јас, еве, го поставувам заветот Мој со вас и со вашето потомство по вас, и со секоја жива душа, која е со вас, со птиците, и со добитокот, и со сите ѕверови земни, што се со вас, со сѐ она што излегло од ковчегот, со сите земни животни; го поставувам заветот Мој со вас дека отсега нема веќе ниедна плот да загине од потоп и дека повеќе не ќе има потоп да ја запустува земјата!« И рече Бог: »Еве го знакот на заветот, што го поставувам меѓу Мене и вас и меѓу секоја жива душа, која е со вас, за идните поколенија: божилак Свој поставувам во облакот, за да биде знак на заветот меѓу Мене и земјата. Па кога облак ќе навеам на земјата, ќе се види божилакот во облакот, и ќе си спомнам за заветот Мој, кој е меѓу Мене и вас и меѓу секоја душа, што живее во плот; и нема веќе да има потоп за да ја уништи секоја плот. Божилакот ќе биде во облакот, и Јас ќе го видам и ќе си спомнам за вечниот завет меѓу Бога и меѓу секоја душа, што живее во секоја плот, која е на земјата.« И му рече Бог на Ноја: »Тоа нека е знакот на заветот, што го поставив меѓу Мене и меѓу секоја плот, која е на земјата!« Синовите Ноеви, кои излегоа од ковчегот, беа: Сим, Хам и Јафет. Хам е татко на Хананејците. Тоа се трите сина Ноеви, и од нив се насели целата земја. А Ное почна да ја обработува земјата, и насади лозје. И се напи од виното, па се опи, и легна гол среде шаторот свој. А Хам, таткото на Хананејците, ја виде голотијата на таткото свој, и излезе, та им го кажа тоа на обајцата браќа свои. Но Сим и Јафет зедоа облека, и, наметнуваќи ја на рамената свои, појдоа назадешкум и ја покрија со неа голотијата на таткото свој; лицата им беа свртени наназад, и тие не ја видоа голотијата на таткото свој. А кога се истрезни Ное од виното, дозна што му беше направил помладиот син, па рече, »Проклет да е Ханан; на браќата свои ќе им биде најдолен слуга!« И уште рече: »Благословен да е Господ Бог Симов; а Ханан ќе му биде слуга! Нека го рашири Бог Јафета, и тој нека живее во шаторите на Сим; а Ханан да им биде слуга!« И поживе Ное по потопот триста и педесет години. А сѐ на сѐ поживе Ное деветстоитни и педесет години; потоа умре. А ова е родословот на синовите Ноеви: Сим, Хам и Јафет, на кои по потопот им се родија синови. Синовите на Јафета се: Гомер, Магог, Мадај, Јаван, Елиса, Тувал, Месех и Тирас. А синовите Гомерови се: Аскеназ, Рифат, и Тогарма. Синовите, пак, Јаванови се: Елиса, Тарсис, Китим и Доданим. Од нив се разгранаа острови на народи во земјите нивни, секој според јазикот свој, според родот свој, и народот свој. Хамовите синови се: Хус и Месраим, Фут и Ханан. А синовите Хусови: Сава, Евила, Савата, Регма и Саватака. Синовите, пак, Регманови се: Сава и Дадан. Хус го роди Нимрода; а тој прв стана силен на земјата; беше добар ловец пред Господа Бога; затоа се вели: – добар ловец пред Господа како Нимрод –. А почетокот на неговото царство беше: Вавилон, Орех, Аркад и Халне, сите во земјата Сенар. Од таа земја излезе Асур, и ја соѕида Ниневија и Ровот град, и Халах, и Дасем меѓу Ниневија и Халах; тој е град голем. Од Месраима произлегоа Лудејците, Енамејците, Лавијците, Нефталејците, па Патрусејците и Хасмејците, од кои водат потекло Филистејците и Гафторејците. А Ханан го роди Сидона, првенец свој, и Хета, потоа Јевусејците, Аморејците, Гергесејците, Евејците, Арукејците, Асенејците, Арадејците, Самарејците и Аматејците. А потоа племињата ханански пак се расеаја. Пределите, пак, ханански беа од Сидон кон Герар до Газа, и потоа до Содом, Гомор, Адма и Севоим па сѐ до Даса. Тоа се синовите Хамови, според семејствата нивни, според јазиците нивни, во нивните земји и во народите свои. И на Сим му се родија синови, на постариот брат Јафетов, татко на сите синови Еверови. А синовите Симови беа: Елам, Асур, Арфаксад, Луд и Арам. Синовите, пак, Арамови се: Уз, Хул, Гатер и Мас. Арфаксад го роди Сала, а Сала го роди Евера. На Евера му се родија двајца синови: на едниот му беше име Фалек, зашто во неговото време се раздели земјата, а името на брата му беше Јектан. Јектан го роди Елмодада, Салета, Сармота и Јареха, Одора, Евила и Декла, па Евала, Авимаила и Сева, потоа Уфира, Евила и Јовава, и сите тие беа синови Јектанови. Живеалиштата им беа од Маса до Сефар, гора источна. Тоа се Симовите синови според семејствата нивни, според јазиците нивни, во нивните земји и во нивните народи. Тоа се семејствата на синовите Ноеви според нивните родови, и според јазиците нивни. Од нив се разделија острови на народи во земјата по потопот. По целата земја имаше еден јазик и еден говор. А кога отидоа од исток, најдоа рамнина во земјата Сенарска, та се населија таму. И си рекоа муѓе себе: »Ајде да правиме тули и на оган да ги печеме!« И имаа тули наместо камен и смола земјана наместо вар. Потоа рекоа: »Сега да соѕидаме град и кула, висока до небото; и да се здобиеме со име, пред да се растуриме по лицето на целата земја!« Тогаш Господ се спушти да го види градот и кулата, што ги ѕидаа синовите човечки. И рече Господ: »Ете, еден народ се и сите имаат еден јазик, но еве што почнале да прават; и нема да се откажат да го направат тоа, што го наумиле. Ајде да слеземе и да им го збркаме јазикот нивни за да не се разбираат еден со друг што зборуваат!« И така Господ ги растури оттаму по целата земја, и престанаа да го ѕидаат градот и кулата. Затоа тој се нарече Вавилон, зашто таму го збрка Господ јазикот на целата земја и оттаму ги растури Господ по целата земја. Ова е родословот Симов: Сим имаше сто години кога го роди Арфаксада, две години по потопот. И откако го роди Арфаксада, поживе Сим петстотини години, раѓајќи синови и ќерки, и умре. А Арфаксад поживе сто триесет и пет години и го роди Сала. По раѓањето, пак, на Сала, Арфаксад поживе четиристотини и три години, раѓајќи синови и ќерки, и умре. Сала поживе сто триесет години и го роди Евера. А, откако го роди Евера, Сала поживе четиристотини и триесет години, раѓајќи синови и ќерки. Евер поживе сто триесет и четири години, и го роди Фалека. По раѓањето на Фалека, Евер поживе четиристотини и седумдесет години, раѓајќи синови и ќерки, и умре. А Фалек поживе сто и триесет години и го роди Рагава. А, откако го роди Рагава, Фалек поживе двесте и девет години, раѓајќи синови и ќерки, и умре. Рагав поживе сто и триесет и две години и го роди Серуха; а откако го роди Серуха, Рагав поживе двесте и седум години, раѓајќи синови и ќерки, и умре. Серух поживе сто и триесет години и го роди Нахора; По раѓањето на Нахора, Серух поживе двесте години, раѓајќи синови и ќерки, и умре. Нахор, пак, поживе седумдесет и девет години и го роди Тара; но штом го роди Тара, Нахор поживе сто и деветнаесет години, раѓајќи синови и ќерки, и умре. Тара поживе седумдесет години и го роди Аврама, Нахора и Арана. А еве го родословот на Тара: Тара го роди Аврама, Нахора и Арана; а Аран го роди Лота. И Аран умре пред таткото свој Тара во родната земја, во Ур Халдејски. А Аврам и Нахор се оженија; името на жената Аврамова беше Сара, а на жената Нахорова името ѝ беше Мелха, ќерка на Арана, татко на Мелха и Есха. Сара беше неплодна и немаше пород. И го зеде Тара синот свој, Аврама, и внукот од синот свој, Лот, син Аранов, и Сара, снаата своја, жената на неговиот син Аврам; па излегоа заедно од Ур Халдејски за да појдат во земјата Хананска; и дојдоа до Харан, каде што се и населија. И поживе Тара сѐ на сѐ двесте и пет години; и умре Тара во Харан. И му рече Господ на Аврама: »Излези од земјата своја, и од родот свој, и од домот на татка си, па појди во земјата, што ќе ти ја покажам Јас! А од тебе ќе направам голем народ, и ќе те благословам, и името твое ќе го прославам и ти ќе бидеш благословен. Ќе ги благословам оние, што тебе ќе те благословуваат, и ќе ги проколнам оние, што тебе ќе те проколнуваат и преку тебе ќе бидат благословени сите родови на земјата.« Тогаш тргна Аврам, како што му кажа Господ, а со него појде и Лот. А Аврам имаше седумдесет и пет години кога излезе од Харан. И ги зеде Аврам Сара, жената своја, и Лота, братанецот свој, со целиот имот што го беа спечалиле, и луѓето што ги беа придобиле во Харан, па излегоа за да отидат во земјата Хананска. И Аврам ја измина таа земја во должина дури до Сихем и до високиот даб Мамре; а тогаш во таа замја живееја Хананејци. И му се јави Господ на Аврама и му рече: »Оваа земја ќе му ја дадам на твоето потомство.« И направи таму Аврам жртвеник на Господа, Кој му се јави. Потоа оттаму се премести на ридот, на исток од Ветил, и таму го распна шаторот свој; и Ветил му беше од запад, а Гај од исток; и таму Му направи на Господа жртвеник, и го призиваше името Господово, што му се јавуваше. А оттаму се крена Аврам и се упати кон југ. Но настана глад во таа замја и Аврам слезе во Египет да поживее таму; зашто гладта продолжи во оваа земја. И кога наближи да влезе во Египет, ѝ рече на жената своја Сара: »Еве, знам дека си жена лична во лицето. Затоа, кога ќе те видат Египтјаните, ќе речат – оваа му е жена –. Па ќе ме убијат, а тебе ќе те остават во живот. Туку кажи, дека си ми сестра, за да ми биде добро покрај табе и да останам жив поради тебе.« И кога влезе Аврам во Египет, Египтјаните видоа дека жената е многу убава. Ја видоа и првенците Фараонови, па ја пофалија пред Фараонот. И жената беше одведена во дворот Фараонов. И заради неа тој му правеше добро на Аврама; имаше овци, говеда, осли, слуги, слугинки, маски и камили. Но Бог пушти големо зло на Фараонот и на неговиот дом поради Сара, жената Аврамова. Тогаш Фараонот го повика Аврама и му рече: »Зошто ми го направи тоа? Оти не ми кажа дека ти е жена? Зошто рече – сестра ми е – па сакав да ја земам за жена. Сега, пак, ете ти ја жената, земи си ја и оди си!« И Фараонот определи луѓе, кои го испратија Аврама и жената негова, со сѐ што имаше, и Лота со него. Така излезе Аврам од Египет кон југ, во пустињата Негев, тој, жената негова, и сѐ што имаше, а и Лот со него. А Аврам беше многу богат со добиток, со сребро и со злато. И отиде, од каде што појде, во пустињата сѐ до Ветил; продолжи да патува сѐ до местото, каде што порано му беше поставен шаторот, меѓу Ветил и Гај; На местото, каде што најнапред беше подигнал жртвеник; и таму го призва Аврам името Господово. А и Лот, кој одеше со Аврама, имаше овци, говеда и шатори. И земјата беше тесна, за да живеат заедно, бидејќи имотот нивни беше толку голем, што не можеа да живеат заедно. И стана караница меѓу пастирите на Аврамовиот добиток и пастирите на Лотовиот добиток. А во таа замја живееја тогаш Хананејци и Ферезејци. Затоа Аврам му рече на Лота: »Не треба да се караме јас и ти, ни моите пастири со твоите пастири, зашто сме роднини. Не е ли пред тебе целата земја? Оддели се од мене. Ако тргнеш ти на лево, јас ќе тргнам на десно; ако ти појдеш на десно, јас, пак, на лево.« Тогаш Лот ги крена очите свои и ја виде целата околина Јорданска, која, пред Бог да ги уништи Содом и Гомор, целата, сѐ до Сигор се напојуваше со вода, како рајот Божји и како земјата Египетска. И Лот ја избра за себе целата околина Јорданска; па појде Лот кон исток; и се разделија еден од друг. Аврам се насели во земјата Хананска, а Лот се настани меѓу градовите на околината, преместувајќе се сѐ до Содом. Луѓето, пак, во Содом беа лоши, и многу грешни пред Бога. И му рече Бог на Аврама, откако Лот се оддели од него: »Крени ги сега очите свои, па погледни од местото, каде што си, на север и на југ, на исток и на запад, зашто целата земја, што ја гледаш, ќе ти ја дадам тебе и на потомството твое довека; ќе го умножам потомството твое да биде колку што е песокта на земјата; ако некој може да ја изброи песокта на земјата, тоа ќе може да го изброи и потомството твое. Стани и изоди ја оваа земја во должина и во широчина, зашто ќе ти ја дадам тебе и на потомството твое довека.« И Аврам ги крена шаторите свои, и отиде да се насели кај дабот Мамре, што беше во Хеврон, и таму Му направи жртвеник на Господа. Во она време сенарскот цар Амарфал, еласарскот цар Ариох, еламскиот цар Ходологомор и гоимскот цар Таргал, сите тие цареви завојуваа против содомскот цар Вал, против гоморскиот цар Варса, против адамскот цар Сенар, севоимскот цар Симовор и со царот на Валак, односно Сигор. Сите тие се собраа во долината Сидим, која е сега Солено Море. Дванаесет години му служеа на Ходологомор, а во тринаесеттата се побунија. Во четиринаесеттата дојде Ходологомор и царевите, кои беа со него, па ги поразија џиновите во Астарот и во Карнаим, Зузејците во Хам, Омејците во долината Каријатим, И Хорејците во гората нивна Сеир, дури до рамнината Ел Фаран, која се наоѓа покрај пустињата. А кога се вратија оттаму, дојдоа до изворот Мисфат, односно Кадис, и ја опустошија целата област Амаликитска, како и Аморејците, кои живееја во Асасах – Тамар. Тогаш излегоа царот содомски и царот гоморски, царот адски, царот севоимски и царот од Валака, односно Сигор, и појдоа во борба против нив во долината Сидим, против Ходологомор, царот еламски, и Тагар, царот гоимски, и Амарфал, царот сенарски, и Ариох, царот еласарски; четири цара против пет. Во долината Сидим имаше, пак, многу јами, од кои се вадеше смола. И побегнаа царот содомски и царот гоморски, и паднаа во нивни плен; а другите избегаа во планините. И го зедоа целиот имот на Содом и Гомор и сета храна нивна, па си отидоа. Го зедоа и Лота, братанецот Аврамов, кој живееше во Содом, и богатството негово, и си отидоа. А еден од оние, што се беа избавиле, дојде и му се јави на Евреинот Аврам, кој тогаш живееше при дабот Мамре, Амореецот, брат Есколов и брат Абнанов, Аврамови сојузници. А кога Аврам чу дека му е заробен братанецот Лот, ги вооружа слугите свои, триста и осумнаесет, кои се родија во неговата куќа, и тргнаа во потера до Дан. Тука ги распореди своите и удри на нив ноќе, со слугите свои, и ги разби, и ги гонеше до Ховал, кој е лево од Дамаск. И го поврати целиот имот содомски; го врати и Лота, братанецот свој, со богатството негово, и жените и народот. А царот содомски му излезе во пресрет, кога се врати, откако го разби Ходологомор и царевите, што беа со него, во долината Савин, која е сега Долина на царевите. И Мелхиседек, царот салимски, изнесе леб и вино; а тој беше свештеник на Севишниот Бог, па го благослови Аврама, велејќи: »Благословен да е Аврам од Севишниот Бог, Создателот на небото и земјата! Благословен да е и Севишниот Бог, Кој ги предаде непријателите твои во рацете твои!« И му даде Аврам десетти дел од сѐ. А царот, пак, содомски му рече на Аврама: »Дај ми ги мене луѓето, а имотот земи си го за себе!« Но Аврам му рече на царот содомски: »Ја кревам раката своја кон Севишниот Господ Бог, Создател на небото и земјата, дека ни конец, ниту, пак, ремен од обувки, нема да земам од сѐ она, што е твое, да не речеш – јас го збогатив Аврама –, освен, она што изедоа момците, и освен делот на луѓето, што одеа со мене: Ескол, Авнан, и Мамре; тие нека го земат својот дел.« По оние настани би слово Господово кон Авраама во видение ноќе и му рече: »Не бој се, Авраме! Јас сум ти закрила, и наградата твоја ќе биде многу голема.« А Аврам рече: »Господи, зошто да ми дадеш кога сум без пород; а домаќин во мојата куќа е Елиезер дамаскинецот.« И пак рече Аврам: »Бидејќи, Ти не ми даде потомство, ете, затоа еден од домашните во куќата моја ќе биде наследник.« Но Господ пак проговори: »Нема тој да ти биде наследник, туку оној, што ќе излезе од тебе, тој ќе ти биде наследник.« Па го изведе надвор и му рече: »Погледни на небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги изброиш.« И му рече: »Толкаво ќе биде потомството твое.« И Му поверува Аврам на Господа Бога, и тоа му се прими за оправдание. И му рече: »Јас сум Бог, Кој те изведе од Ур Халдејски за да ти ја дадам оваа земја, да ја владееш.« А тој рече: »Господи, Господи, по што ќе познаам дека ќе ја наследам?« И му рече: »Принеси му јуница, од три години, и коза тригодишна, и овен, од три години, а и грлица и млад гулаб!« И тој го зеде сето тоа, и ги пресече на половина и ги стави сите половини една спроти друга; но птиците не ги преполови. А птици грабливки слетуваа на тие мрши; но Аврам ги бркаше. А кога сонцето беше на залез, го совлада Аврама длабок сон, и ете, го опфати голем мрак – и го обзеде ужас. И Господ му рече на Аврама: »Знај дека потомците твои ќе бидат придојдени во туѓа земја, ќе робуваат и ќе ги мачат четиристотини години. Но на народот, на кој ќе му служи, Јас ќе му судам; потоа тие ќе излезат оттаму со големо богатство. А ти ќе отидеш кај татковците свои во мир, и ќе бидеш погребан во длабока старост. Тие, пак, во четвртото колено ќе се вратат ваму; зашто мерката на безаконијата Аморејски уште не превршила.« А штом сонцето зајде, падна мрак, и ете, дим како од печка и огнен пламен поминува меѓу оние делови. Во тој ден Господ направи завет со Аврама, велејќи: »На потомството твое му ја давам оваа земја од реката во Египет до големата река Еуфрат: Кенејците, Кенезејците, Кедмонејците, Хетејците, Ферезејците, Рефаинците, Аморејците, Хананејците, Гергесејците и Јевусејците!« Но Сара, жената на Аврама, не му раѓаше. А имаше слугинка Египтјанка, по име Агара. И му рече Сара на Аврама: »Ете, Господ ми ја затвори утробата за да не раѓам; туку оди при слугинката моја, можеби ќе добијам деца од неа.« И Аврам се согласи со зборовите на Сара. И така, откако Аврам преседе десет години во земјата Хананска, Сара, жената Аврамова, ја зеде слугинката своја, Египтјанката Агара, и му ја даде на мажот свој Аврама за жена. И тој влезе при Агара, и таа зачна; а кога виде дека зачна, се возгордеа пред господарката своја. А Сара му рече на Аврама: »Навредата моја е вина твоја; јас ти ја препуштив во преград слугинката моја, а таа, гледајќи дека зачна, се возгордеа пред мене. Бог нека суди меѓу мене и тебе.« Тогаш Аврам ѝ рече на Сара: »Ете, слугинката твоја е во твои раце, прави со неа што сакаш!« И Сара почна да ја злоставува, и таа избега од неа. Но ангел Господен ја најде при изворот во пустињата, при изворот на патот за Сур. И ѝ рече: »Агаро, слугинко Сарина, од каде доаѓаш и каде одиш?« А таа рече: »Бегам од Сара, господарката моја.« Ангелот Господен пак ѝ рече: »Врати се кај господарката твоја и покори ѝ се!« И ангелот Господен уште рече: »Ќе го умножам многу потомството твое, што не ќе може да се изброи од множество.« И пак ѝ рече ангелот Господен: »Ете ти си бремена и ќе родиш син, и ќе го наречеш со името Исмаил; оти Господ ја чу маката твоја. Тој ќе биде силен човек: раката негова ќе се крева против секого, и сечија против него; и ќе живее пред лицето на сите браќа свои.« Тогаш Агара Го призва името на Господа, Кој ѝ зборуваше, и рече: »Ти си Бог, Кој милостивно погледна на мене,« зашто рече: »Пред себе Го видов Оној што ми се јави.« Заради тоа тој извор се нарече Беер – Лахај – Рој, а се наоѓа меѓу Кадис и Варад. И му роди Агара на Аврама син; и му стави Аврам на синот свој, кого го роди Агара, име Исмаил. А Аврам имаше осумдесет и шест години кога Агара му го роди Исмаила. А кога Аврам имаше деведесет и девет години му се јави Господ на Аврама и му рече: »Јас сум Бог твој, оди пред Мене и биди непорочен! И ќе направам завет меѓу Мене и тебе, и многу, многу ќе те размножам.« Аврам падна ничкум. А Бог продолжи да му говори и му рече: »А ова е заветот Мој со тебе: ќе станеш татко на многу народи. Затоа повеќе нема да се викаш Аврам, туку името ќе ти биде Авраам, оти ќе те направам татко на многу народи; и многу, многу ќе те умножам, и ќе издигнам од тебе многу народи, и цареви ќе излезат од тебе. И ќе поставам завет Мој меѓу Мене и тебе и меѓу твоите потомци по тебе во нивните родови; ќе направам заветот да биде вечен, ќе ти бидам Бог тебе и на потомците твои по тебе. И ќе ти ја дадам тебе и на потомството твое по тебе земјата, во која си придојден, целата земја Хананска во вечно владеење; и ќе им бидам нивни Бог.« И му рече Бог на Авраама: »Ти, пак, запази го заветот Мој, ти и потомството твое по тебе во нивните родови! А ова е заветот Мој меѓу Мене и вас и потомците твои во нивните родови, што ќе го пазите: секое машко од вас нека биде обрезано. А ќе обрезувате крајче од телото свое; тоа ќе биде знак на заветот меѓу Мене и вас. Секое машко дете кога ќе наполни осум дена по раѓањето, низ целото ваше потомство, да биде обрезано: и роб, роден во вашиот дом, и оној што ќе биде купен од странец, а не е од семето твое, со обрезание ќе се обреже робот од твојот дом и купениот. Да, и робот, роден во домот твој, и купениот мора да биде обрезан, и така Мојот завет над вашето тело ќе остане вечен. А необрезаното машко, на кое не ќе му се обреже крајче од телото негово во осмиот ден, да се истреби од родот свој: таквиот го нарушил заветот Мој.« И му рече уште Бог на Авраама: »А Сара, жената твоја, не ја викај повеќе Сара, туку името нека ѝ биде Сáра. И Јас, ќе ја благословам, и ќе ти дадам син од неа; ќе ја благословам, и народи ќе потекнуваат од неа, и цареви на народи ќе излезат од неа.« Тогаш падна Авраам ничкум и се насмеа, велејќи во себе: »Како може на човек од сто години да му се роди син? Зарем Сáра во деведесетте години ќе роди?« И Авраам Му рече на Бога: »О, барем Исмаил да биде жив пред лицето Твое!« А Бог му рече на Авраама: »Навистина, Сáра, жената твоја, ќе ти роди син и ќе го наречеш со името Исак; и ќе направам заветот Мој со него да биде завет вечен, и да му бидам Бог на потомството негово по него. А и за Исмаила те послушав; еве, го благословувам, и ќе го направам плоден, и многу ќе го умножам, многу; и ќе роди дванесет кнезови, и од него ќе произлезе голем народ. А заветот Мој со Исака ќе го направам кога ќе ти го роди Сáра, догодина во ова време.« Па, откако Бог го изговори тоа, се издигна Бог од Авраама. Авраам, пак, го зеде Исмаила, синот свој, и сите родени во домот негов, и сите купени, и сите машки домашни, им обреза крајче од телото нивно во истиот ден, како што му рече Бог. Авраам имаше деведесет и девет години кога му беше обрезано крајче од телото негово. А Исмаил, синот негов, имаше тринаесет години кога му беше обрезано крајче од телото негово. Во истиот ден беа обрезани Авраам и син му Исмаил, и со него заедно беа обрезани и сите домашни машки, и робовите, родени во неговиот дом, а и купените од странци. Потоа му се јави Господ кај дабот Мамре кога седеше пред вратата од шаторот свој, на пладнина. Откако ги крена очите свои, виде Тројца мажи како стојат спроти него. Откако ги виде, им притрча во пресрет пред вратата на шаторот свој, и им се поклони доземи. И рече: »Господи, ако сум нашол милост пред Тебе, немој да го одминеш слугата Свој! Ќе Ви донесам малку вода: измијте ги нозете, па одморете се малку под ова дрво! И ќе Ви изнесам малку леб за да се поткрепите штом веќе навративте кај слугата Ваш, па тогаш продолжете го својот пат.« Тие рекоа: »Направи, како што рече!« И Авраам отрча во шаторот кај Сáра, и ѝ рече: »Замеси брзо три мерки чисто брашно и испечи погачи!« Па отрча кај говедата и фати теле младо и угоено, и му го даде на момокот, и тој побрза да го зготви. Па потоа изнесе масло и млеко и телето, што беше зготвено, и им принесе; и тие јадоа, а тој самиот стоеше пред нив под дрвото. Тогаш тие го прашаа: »Каде е Сáра, жената твоја?« А тој одговори: »Ене ја во шаторон.« Еден, пак, од нив му рече: »Догодина во ова време, враќајќи се, Јас, пак ќе дојдам кај тебе, и Сáра, жената твоја ќе има син.« А Сáра слушаше на вратата од шаторот, зад него. Авраам и Сáра беа стари и возрасни, и кај Сáра беше престанало редовното кај жените. Затоа Сáра се насмеа во себе, велејќи: »Бидејќи сум остарела, сега ли ќе ни дојде радоста? А и господарот ми е стар.« Тогаш му рече Господ на Авраама: »Зошто се насмеа Сáра во себе, велејќи – Вистина ли е дека ќе родам кога сум остарена? – Има ли нешто неможно за Господа? Догодина во ова време Јас пак ќе дојдам при тебе, и Сáра ќе има син.« Но Сáра не призна и рече: »Не се насмеав,« бидејќи се беше уплашила. А Он рече: »Не, ами ти се насмеа.« Потоа луѓето станаа и тргнаа кон Содом и Гомор, а и Авраам појде со нив да ги испрати. А Господ рече: »Како да кријам од Авраама, слугата Свој, што сакам да направам? Та од Авраама ќе излезе голем и силен народ, и преку него ќе бидат благословени сите народи на земјата. Оти него го избрав за да им заповеда на синовите свои, и на домот свој по себе, да одат по патот Господен и да извршуваат правда и суд, за да може Господ да го исполни она, што му го вети на Авраама.« И рече Господ: »Голем повик е против Содом и Гомор, и гревовите нивни се претешки. Затоа ќе слезам за да узнаам и да видам дали така се прави, како што повикот доаѓа до Мене, или не.« Оттаму луѓето тргнаа кон Содом, додека Авраам уште стоеше пред лицето на Господа. Тогаш Авраам се приближи и рече: »Сакаш ли да го уништиш и праведниот со неправедниот и ќе биде ли праведниот како неправедниот? Можеби во градот има педесетмина праведници; зарем ќе ги погубиш и нив, а да не му простиш на тоа место заради оние педесет праведници, што се во него? Не е можно така да постапиш Ти, да погубиш праведни со неправедни заедно, та исто да се случи со праведникот како и со неправедникот; не, тоа од Тебе не; зарем Судијата на целата замја нема да суди право?« И рече Господ: »Ако во градот Содом најдам педесетмина праведници, ќе го запазам градот и целото место заради нив.« А Авраам одговори и рече: »Еве, се осмелив да Му проговорам на Господа, иако сум земја и пепел. Можеби да има праведници од педесет пет помалку; зар заради тие пет ќе го затреш целиот град?« Он одговори: »Нема тоа да го направам, ако најдам четириесет и пет.« И го продолжи разговорот со Него и рече: »Можеби ќе се најдат таму четириесет?« Он, пак, одговори: »Нема да го направам ни поради тие четириесет.« Потоа рече: »Нека не се налути Господ, ако речам – можеби ќе се најдат триесет?« – Он рече: »Нема да го направам, ако најдам триесет.« И пак рече: »Еве, се осмелувам одново да Му проговарам на Господа – можеби ќе се најдат дваесет?« »Нема да го уништам – рече – ни заради тие дваесет.« Најпосле рече: »Нека не се налути, Господ, ако уште еднаш проговорам – можеби ќе се најдат десет?« – Он рече: »Нема да ги искоренам ни заради оние десет.« И Господ замина, откако престана да зборува со Авраама; а Авраам се врати во своето место. Оние два ангела стигнаа вечерта во Содом кога Лот седеше пред портата содомска. А кога ги виде Лот, стана да ги пресретне, и се поклони доземи. И рече: »Господари мои, влезете во куќата на слугата Ваш, да преноќевате, и измијте си ги нозете Свои; па утре рано, кога ќе станете, одете си по Својот пат.« А тие рекоа: »Не, тука ќе ноќеваме на улица.« Но тој настојуваше, и тие појдоа по него и влегоа во домот негов. И тој ги нагости, им испече лебови пресни, и јадеа. И уште не беа легнеле, а граѓаните содомски се насобраа околу куќата, стари и млади, целиот народ од сите краишта на градот. И го повикаа Лота и му рекоа: »Каде се луѓето, кои дојдоа да ноќеваат кај тебе? Изведи ги да бидеме со нив!« Лот излезе пред нив до влезот, ја затвори вратата зад себе, и им рече: »Браќа мои, немојте да правите зло! Еве имам две ќерки, кои уште не биле со маж; ќе ги изведам кај вас, па правете со нив што ви е угодно; само на оние луѓе не правете им ништо, бидејќи се дојдени под покривот на мојот дом.« А тие му рекоа: »Мавни се оттука! Си дошол ваму да живееш како придојден, па, и ќе ни судиш ли? Сега со тебе ќе постапиме уште полошо отколку со нив.« Па навалија силно на човекот, на Лота, и се доближија да ја кршат вратата. Тогаш оние мажи ги протегнаа рацете свои надвор и го вовлекоа Лота кај себе, во куќата, и ја затворија вратата од куќата. А луѓето, кои беа пред портата куќна, наеднаш ослепеа, од мал до голем, и не можеа да ја најдат вратата. Тогаш оние мажи му рекоа на Лота: »Ако имаш зетови, синови или ќерки, или кој и да било свој во овој град сите нив изведи ги од ова место! Зошто сакаме да го сотреме ова место, бидејќи повикот против нив е голем пред Господа, па нѐ испрати Господ нас да го уништиме.« И излезе Лот, и им кажа на зетовите свои, на кои сакаше да им ги даде ќерките свои, и им рече: »Станете, одете си од ова место, зашто Господ сега ќе го сотре свој град!« Но на зетовите негови им се причини оти се шегува. А кога зората зазори, навалија ангелите на Лота да побрза и му рекоа: »Стани, земи ја жената своја, и двете ќерки твои, кои се тука, за да не загинеш поради беззаконието на овој град!« Но тој се двоумеше. Затоа ангелите го фатија за рака него, жената негова, и двете ќерки негови, оти Му беше жал на Господа, и ги изведоа, па ги оставија надвор од градот. А кога ги изведоа надвор од градот, еден од нив рече: »Спасувај се и спаси ја душата своја; и не обѕрнувај се назад, не запирај никаде во оваа околина! Бегај на оној рид, за да не загинеш.« А Лот рече: »Ти се молам, Господи! Еве, слугата Твој најде милост пред Тебе, и милоста Твоја е голема, што ја направи спрема мене, оти ми го спаси животот; но јас не можам да се спасам на ридот, бидејќи ќе ме стигне злото и ќе загинам. Ене, во оној град; доста е близу, да побегнам таму, а местото е мало; таму ќе се спасам, зашто е мал; па ќе останам жив, благодарејќи на Тебе.« А Он му рече: »Еве, ќе те послушам и затоа нема да го уништам градот, за кој рече. Бегај побрзо таму; оти не можам да направам ништо, додека не стигнеш онаму.« Заради ова оној град се нарече Сигор. И кога сонцето огреа по земјата, Лот пристигна во Сигор. Тогаш излеа Господ на Содом и на Гомор од небото дожд од сулфур и оган од Господа од небото. И ги сосипа оние градови и целата околија, и сите жители во тие градови, и сите растенија земни. Но жената Лотова, одејќи по него, погледна назад и се претвори во солен столб. А уредента рано, откако стана, Авраам отиде на местото каде што беше стоел пред Господа; и погледна на Содом и на Гомор и на целата околија и виде: и, ете, се креваше пламен од земјата како чад од печка. Но додека Бог ги унуштуваше градовите во онаа околија, се сети Бог на Авраама, па го изведе Лота од пропаста кога ги сосипуваше Господ градовите, каде што живееше Лот. А Лот излезе од Сигор, и се настани на оној рид со двете ќерки свои; се плашеше да живее во Сигор. Па се насели во пештера со двете ќерки свои. А постарата ѝ рече на помладата: »Нашиот татко е стар, а нема човек во земјава да влезе при нас, како што е обичај по целата земја. Ајде да му дадеме на таткото наш вино, за да се опие; па да легнеме со него, за да го зачуваме потомството на нашиот татко!« И му дадоа вино на татка си во онаа ноќ; и влезе постарата и легна со таткото свој; а тој не сети ни кога легнала таа, ни кога станала. А утредента ѝ рече постарата на помладата: »Ете, ноќеска бев со својот татко. Да го опиеме со ниво и вечерва: па влези и ти легни со него, за да му го запазиме потомството на таткото наш!« И таа ноќ му дадоа на татка си вино; и влезе помладата и спа со него; а тој не узна ни кога таа легнала ни кога станала. И обете ќерки Лотови зачнаа од таткото нивни. И постарата роди син, и го нарече Моав, велејќи од татка ми е. Тој е прататко на Моавците до денес. А и помладата роди син, и го нарече Амон, велејќи: »Син од мојот род.« Од него се Амонците до денешниов ден. Авраам оттаму тргна на југ, и се настани меѓу Кадес и Сур; и живееше некое време во Герар како придојден. Тогаш велеше Авраам за жената своја Сáра, дека му е сестра, оти се плашеше да рече дека му е жена, за да не го убијат жителите градски заради неа. А царот герарски Авимелех испрати, и ја зеде Сáра. Но Бог дојде при Авимелех ноќе во сон, и му рече: »Ете, ќе умреш заради жената, која си ја зел, зашто таа има маж.« А Авимелех не беше се допрел до неа, па рече: »Господи, зар ќе погубиш народ праведен? Нели самиот ми рече – ‚Сестра ми е‘ – а и таа самата рече ‚Брат ми е‘ – а јас тоа го направив простосрдечно и со чисти раце.« Тогаш му рече Бог во сонот: »Затоа те задржав да не грешиш пред Мене и не ти допуштив да се допреш до неа. А сега врати му ја на човекот жената негова, зашто е пророк, и ќе се помоли за тебе, и ќе останеш жив. Ако не ја вратиш, знај дека ќе умреш и ти и сите твои.« Утредента рано стана Авимелех, и ги повика сите слуги свои, и им го кажа сето тоа да го чујат. И тие многу се уплашија. Тогаш Авимелех го повика Авраама и му рече: »Што направи ти со нас? Што ти згрешив, па сакаше да навлечеш на мене и на царството мое голем грев? Ми го направи она, што никој не го прави.« И уште му рече Авимелех на Авраама: »Што имаше на ум, кога го направи тоа?« А Авраам одговори: »Си помислив дека во ова место нема страв Божји, па ќе ме убијат поради жената моја. А всушност и ми е сестра: по татко, но не и по мајка: и се омажи за мене. А кога ме изведе Господ од домот на мојот татко, јас ѝ реков: направи ми добро и кажи за мене, и во секое место каде што ќе дојдеме: ‚Брат ми е.‘« Тогаш Авимелех зеде овци, и говеда, и слуги, и слугинки, и му ги даде на Авраама, и му ја врати Сáра, жената негова. И му рече Авимелех на Авраама: »Еве, земјата моја е пред тебе; и каде што ти е угодно, насели се!« А на Сáра ѝ рече: »Еве, му дадов на твојот брат илјада сикли сребро: тоа нека ти биде во чест на твоето лице, превез пред очите на сите, кои се со тебе, и пред сите си оправдана.« Авраам, пак, Му се помоли на Бога, и Бог ги исцели Авимелеха, и жената негова, и слугинките негови, и тие почнаа да раѓаат; зашто Господ ги беше затворил сите утроби во домот на Авимелеха поради Сáра, жената Авраамова. И Господ милостивно погледна на Сáра, како што беше рекол, и ѝ направи Господ на Сáра како што ѝ беше рекол. Сáра зачна и му роди на Авраама син во староста негова, во време кога што му беше рекол Господ. И Авраам го нарече со името Исак, синот што му се роди, кој му го роди Сáра. И го обреза Авраам синот свој Исака во осмиот ден, како што му беше заповедал Господ. Авраам имаше сто години кога му се роди синот Исак. Сáра, пак, рече: »Господ ми нанесе смеа; кој ќе чуе за мене, ќе ми се смее.« И рече: »Кој би рекол дека Сáра на Авраама ќе му дои деца? Но сепак му родив син во староста негова.« Детето порасна и беше одбиено. А Авраам приреди голема гозба во оној ден кога го одбија Исака, синот негов. Виде Сáра дека синот на Агара Египтјанката, што му го роди таа на Авраама, се потсмева со нејзиниот син Исак. па му рече на Авраама: »Истерај ја оваа робинка со синот нејзин, зашто синот на оваа робинка не бива да стане наследник со мојот син Исака!« А тоа на Авраама му беше многу тешко, поради синот негов Исмаила. Но Бог му рече на Авраама: »Нека не ти е криво заради детето и робинката! Сѐ што ќе ти рече Сáра, послушај го гласот нејзин, зашто по Исака ќе се нарече потомството твое. А и од синот на робинката ќе издигнам голем народ, зашто тој е семе твое.« И Авраам стана утредента рано, зеде леб и мев со вода, и ѝ даде на Агара, ставајќи ѝ го тоа на грб, и детето, па ја отпушти. И таа тргна и се заскита по пустињата Вирсавија. А кога снема вода во мевот, таа го остави детето под еден даб, а самата отиде далеку, колку што со стрела може да се дофрли, и седна спроти него; зашто велеше: »Не можам да ја гледам смртта на моето дете.« И седејќи спроти него од далеку, кога го чу гласот на детето, почна гласно да плаче. Но Бог го чу гласот на детето од местото каде што беше, и ангел Божји ѝ викна на Агара од небото и ѝ рече: »Што ти е, Агаро? Не плаши се, бидејќи Господ го чу гласот на детето оттаму, каде што е. Стани, крени го детето и фати го за рака; оти од него ќе направам голем народ.« И Бог ѝ ги отвори очите, и таа виде извор на жива вода; и отиде, па го наполни мевот со вода, и го напои детето. А Бог беше со детето, и тоа порасна, и заживеа во пустињата, и стана стрелец со лак. Тоа живееше во пустињата Фаран. И мајка му негова му зеде жена од земјата Египетска. Во тоа време Авимелех, со Фихол, војводата негов, му рече на Авраама: »Бог е со тебе во сѐ што правиш. А сега заколни ми се овде во Бога дека нема да ми напакостиш ни мене, ни на потомството мое, ниту на името мое; туку дека ќе постапуваш добро со мене и со земјата, во која си гостин, како што потапував јас со тебе.« И рече Авраам: »Се заколнувам.« Тогаш Авраам го прекори Авимелеха за изворите водни што ги зедоа слугите Авимелехови. А Авимелех му рече: »Не знам кој го направи тоа; ниту ти ми кажа, ниту, пак, чув за тоа до денес.« А Авраам зеде овци и говеда, и му ги даде на Авимелеха, и тие двајца склопија сојуз. Потоа Авраам одвои седум јагниња од стадото. А Авимелех му рече на Авраама: »Зошто се овие седум јагниња што ги одвои?« Авраам, пак, одговори: »Прими ги од моја рака овие седум јагниња, за да ми бидат сведоштво дека јас сум го ископал оној кладенец.« Затоа она место се нарече Вирсавија, бидејќи тука се заколнаа обајцата. Откако склопија сојуз во Вирсавија, Авимелех со пријателот Охозат и Фихол, војводата негов, се кренаа и се вратија во земјата Филистејска. И Авраам насади шумичка во Вирсавија, и таму го призва името на Господа, Вечниот Бог. Авраам живееше во земјата Филистејска како придојден многу денови. По тие настани Бог, искушувајќи го Авраама, рече: »Аврааме!« А тој одговори: »Еве ме!« Бог продолжи: »Земи го сега саканиот син твој Исака, па оди во земјата Морија, и принеси го таму како жртва сепаленица на една горичка што ќе ти ја покажам!« И утредента рано, откако стана, Авраам го оседла ослето свое, зеде со себе двајца од слугите свои и Исака, синот свој; па, откако исцепи дрва за жртвата, се крена, појде и дојде на местото, за кое му рече Бог. На третиот ден, кревајќи ги очите свои, Авраам го здогледа местото оддалеку. И им рече Авраам на слугите свои: »Останете вие овде со ослето, а јас и детето ќе одиме онаму, па откога ќе се помолиме, ќе се вратиме кај вас.« И зеде Авраам дрва за жртвата, му ги натовари на Исака, синот свој, а самиот тој зеде во свои раце огнило и нож; па отидоа обајцата заедно. Тогаш му рече Исак на Авраама, таткото свој: »Татко!« А тој одговори: »Што е, синко!« И рече Исак: »Ете огнило и дрва, а каде е јагнето за жртва?« А Авраам одговори: »Бог ќе си предвиди, синко, јагне за жртва.« И обајцата го продолжија патот заедно. И стигнаа до местото, за кое му беше рекол Бог. Тука Авраам направи жртвеник, и кладе дрва на него, а откако го врза Исака, синот свој, го стави на жртвеникот врз дрвата. Тогаш Авраам ја пружи раката своја и го зеде ножот да го заколе синот свој. Но ангел Господен викна од небото, и рече: »Аврааме! Аврааме!« А тој одговори: »Еве ме!« И ангелот продолжи: »Не кревај рака своја на детето, и не прави му ништо! Еве, сега знам, оти се плашиш од Бога штом не го пожали ни саканиот свој син заради Мене.« И Авраам ги крена очите свои и погледа: а тоа – зад него овен, кој се беше сплеткал со роговите во гасталакот. И Авраам отиде, го зеде овенот и го принесе како жртва сепаленица место синот свој. И го нарече Авраам ова место: »Господ ќе предвиди.« Затоа и денес се вели: »На горичката Господ се јави.« А ангелот Господен повторно го викна од небото Авраама, и рече: »Се колнам во Себе – вели Господ – кога така направи, и не го пожали саканиот свој син заради Мене. Навистина, Јас ќе те благословам и преблагословам, и потомството твое ќе го умножам и преумножам како ѕвездите на небото и како песокта на морскиот брег! А потомците твои ќе ги завладеат градовите на непријателите свои. И ќе бидат благословени преку потомството твое сите народи на земјата, зашто го послуша гласот Мој.« Тогаш Авраам се врати при слугите свои, и се кренаа, па се вратија заедно во Вирсавија. И се насели Авраам во Вирсавија. По тие настани му јавија на Авраама: »Ете, и Мелха му роди синови на братот твој Нахор!« Уз, неговиот првенец, брат му Вуз, и Камуила, таткото на Арамејците, Хазада, Азава, Фалдеса, Елдафа и Ватуила. А Ватуило ја роди Ревека. Овие осумте му ги роди Мелха на Нахора, братот на Авраама. А неговата наложница, по име Ревма, ги роди овие: Тавека, Гама, Тохоса и Моха. Сáра поживе сто и дваесет и седум години; тоа се годините на Са'риниот живот. И умре Сáра во градот Киријат – Арби, а тоа е Хеврон, во земјата Хананска. И дојде Авраам да ја изжали и да ја исплаче. А кога стана Авраам пред покојницата своја, им рече на синовите Хетеови, велејќи: »Странец сум и придојден при вас; дајте ми да имам гроб кај вас, сам да ја погребам покојницата своја.« А синовите Хетеови му одговорија на Авраама, велејќи: »Чуј нѐ, господару наш; ти си кнез Божји меѓу нас; во најдобриот гроб наш погреби ја покојницата своја; никој меѓу нас нема да ти го одбие гробот свој за да можеш да ја погребеш покојницата своја таму!« Тогаш стана Авраам и му се поклони на народот од земјата на синовите Хетеови, и им рече Авраам, велејќи: »Ако сакате да ја погребам покојницата своја пред очите мои, послушајте ме – речете му за мене на Ефрона, синот Саров. Нека ми ја даде пештерата во Макпела, која е на крајот од нивата негова; за пари нека ми ја даде, колку што чини, за да имам гробница меѓу вас!« А Ефрон седеше меѓу синовите Хетеови. И му одговори Ефрон Хетеецот на Авраама, пред синовите Хетеови, и тоа гласно, да чујат сите, кои беа во советот од тој град, велејќи: »Не, господару; послушај ме – нивата, и пештерата во неа, ти ја давам; пред синовите на народот мој ти ја подарувам, погреби ја покојницата твоја.« А Авраам му се поклони на народот од таа земја, и му рече на Ефрона гласно, пред сиот народ, велејќи: »Ако сакаш, почуј ме: ќе ти дадам колку што чини нивата, земи од мене, па тогаш ќе ја погребам покојницата своја таму.« А Ефрон му одговори на Авраама и рече: »Господару мој, чуј ме; земјата чини четиристотини сикли сребро; што е тоа за мене и за тебе? Затоа погреби ја покојницата твоја!« И Авраам, откако го ислуша Ефрона, му го измери среброто, што го кажа тој пред синовите Хетеови, четиристотини сикли сребро, како што врвеше тогаш меѓу трговците. И нивата Ефронова во Макпела спроти Мамре, нивата и во пределите наоколу, станаа сопственост на Авраама пред синовите Хетеови, пред сите кои влегуваа во тој град. Потоа ја погреба Авраам Сáра, жената своја, во пештерата на нивата Макпела спроти Мамре, а тоа е Хеврон, во земјата Хананска. Така Авраам ја придоби од синовите Хетеови нивата и пештерата во неа, за да има сопствена гробница. А Авраам беше веќе стар и во години, Господ го беше благословил во сѐ. И му рече Авраам на слугата свој, на најстариот во домот негов, кој стоеше над целиот негов имот: »Стави ја раката своја под бедрото мое и ќе те заколнам во Господа Бога на небото и Бога на земјата, дека нема да земеш жена за синот мој од ќерките Хананејски, меѓу кои живеам, туку дека ќе отидеш во земјата моја, каде што се родив, во родот мој, и ќе му доведеш жена на синот мој Исака оттаму.« А слугата му рече: »Можно е девојката да не сака да појде со мене во оваа земја; ќе го одведам ли синот твој во земјата, од која си се иселил?« А Авраам му рече: »Гледај да не го одведеш синот мој таму. Господ, Бог на небесата и на земјата, Кој ме зеде од домот на таткото мој и од земјата, каде што сум роден, и Кој ми рече и ми се заколна, велејќи: ‚Тебе и на потомството твое ќе му ја дадам оваа земја‘, Он ќе испрати ангел свој пред тебе, и ти ќе доведеш жена за синот мој оттаму. Ако, пак, девојката не сака да појде со тебе во оваа земја, тогаш нека ти е проста клетвата моја; само синот мој не праќај го таму!« И ја стави слугата раката своја под бедрото на Авраама, господарот негов, и му се заколна во тоа. Потоа слугата зеде десет камили од камилите на господарот свој, зеде и од драгоценостите на господарот свој со себе, па кога стана, се упати во Месопотамија, во градот Нахоров. И ги остави камилите надвор од градот, покрај изворот, приквечерина кога жените излегуваат да полнат вода. И рече: »Господи, Боже на господарот мој Авраама, испрати ми ја денес во пресрет онаа, која ја барам, и направи му милост на господарот мој Авраама. Еве, јас ќе стојам крај овој извор, и ќерките на градските жители ќе дојдат да налеат вода. И на која девојка ќе ѝ речам – ‚Наведни ја стомната своја да пијам‘ – а таа ќе рече – ‚На, пиј, и камилите твои ќе ги напојам – додека се напивам‘, неа си ја определил за слугата твој Исака; и по тоа ќе разберам дека си му направил милост на господарот мој Авраама.« И додека тој уште зборуваше во себе, а ете Ревека, ќерката на Ватуила, синот на Мелха, жената на Нахора, чиј брат е Авраам, дојде со стомната на рамо. А беше многу убава девојка, која човек уште не беше познала. Таа слезе при изворот, ја наполни стомната, па појде угоре. Тогаш слугата излезе пред неа и рече: »Дај ми да се напијам малку вода од стомната твоја!« А таа одговори: »Еве, пиј, господару.« И брзо ја спушти стомната на раката своја, и му даде да пие, чекајќи додека не се напие. Па рече: »И на камилите твои ќе им налеам додека сите не се напијат.« Па брзо ја истури стомната своја во поилото, и пак отрча до изворот да ја наполни, и им налеа на сите камили негови. А човекот ја гледаше со восхит и молкум, но сакаше да узнае дали го благословил Господ патот негов или не. А откако камилите се напоија, човекот изведи златни наушници, тешки поливина сикла, и две гривни за нејзините раце, од десет сикли злато. Ја запраша и рече: »Чија ќерка си? Кажи ми, има ли во куќата на таткото твој место за преноќевање?« А таа му одговори: »Јас сум ќерка на Ватуила, синот на Мелха, која му го роди на Нахора.« И уште рече: »Има при нас многу слама и храна; а и место за ноќевање.« Тогаш човекот се наведна и Му се поклони на Господа, па рече: »Нека е благословен Господ Бог на господарот мој Авраама, Кој не го остави господарот мој без Своја милост и Својата правда спрема господарот мој. Господ ме доведе по прав пат во домот на братот од господарот мој.« Девојката, пак, отрча и сето ова го кажа во домот на мајката своја. А Ревека имаше брат, по име Лаван. Лаван побрза кон човекот крај изворот. Откако ги беше видел наушниците и гривните на рацете од сестрата своја и чул кога сестра му Ревека рече – вака ми рече човекот – тогаш појде кај човекот; а тој стоеше со камилите при изворот. И рече: »Ела ти, кој си благословен од Господа; зошто да стоиш надвор? Јас ја приготвив куќата; а има место и за камилите.« Тогаш човекот влезе во куќата; му ги растоварија камилите, и им дадоа слама и сено – храна на камилите, а му донесоа и вода за нозете негови и за луѓето, кои беа со него. И им поставија леб да јадат. Но тој рече: »Нема да јадам додека не кажам за што сум дојден.« И му рекоа: »Зборувај!« Тогаш рече: »Јас сум слуга Авраамов. Господ го благослови господарот мој многу, та стана голем; и му даде овци и говеда, сребро и злато, и слуги и слугинки, и камили и осли. А Сáра, жената на господарот мој, под старост му роди син на господарот мој, и тој му го даде целиот свој имот. Мене, пак, ме заколна господарот мој, велејќи – ‚Немој да му доведеш на синот мој жена од ќерките Хананејски, меѓу кои живеам; туку појди во домот на таткото мој и во родот мој, и земи жена за синот мој.‘ А јас му реков на господарот мој: ‚Можеби девојката не ќе сака да појде со мене!?‘ А тој ми рече – ‚Господ, пред чие лице одев, ќе испрати ангел Свој со тебе, и ќе ти го покаже патот твој до целта и ти ќе земеш жена за синот мој од родот мој, од домот на таткото мој. Тогаш ќе ти биде проста клетвата моја, кога ќе отидеш во родот мој; а ако не ти ја дадат, ќе бидеш ослободен од клетвата моја.‘ И кога дојдов денес при изворот, реков: ‚Господи, Боже на господарот мој Авраама, ако си ме упатил на прав пат, по кој одам, еве, јас ќе застанам крај изворот, и на девојката, која ќе дојде да налее вода, ќе ѝ речам – »Дај ми да се напијам малку вода од стомната твоја«, – а таа ми одговори – »Еве ти пиј; и на камилите твои ќе им налеам« – таа нека биде жена, која што Господ ја определил за слугата Свој Исака; и по ова ќе разберам дека си му направил милост на мојот господар Авраама.‘ Јас уште не го изреков тоа во срцето свое, а Ревека дојде со стомната на рамо, и слегувајќи на изворот, налеа; а јас ѝ реков – ‚Дај ми да се напијам.‘ И таа брзо ја спушти стомната на раката свој и рече – ‚Еве, пиј ти; и камилите твои ќе ги напојам.‘ – Се напив, и камилите мои ги напои. Тогаш ја прашав и реков: – ‚Чија ќерка си?‘ А таа одговори: – ‚Јас сум ќерка на Ватуила, синот на Нахора, кого му го роди Мелха.‘ Тогаш ѝ ги ставив наушниците и гривните на рацете нејзини. Па се наведнав и Му се поклонив на Господа; и Го благословив Господа Бога на господарот мој Авраама, Кој ме поведе по правиот пат да ја земам ќерката од братот на господарот за неговиот син. А сега кажете ми: Ќе му направите ли милост и правда на господарот мој, или не? Ако, пак, не сакате, кажете ми, и јас ќе тргнам надесно или налево.« А Лаван и Ватуило одговорија: »Од Господа дојде ова; ние не можеме да ти кажеме ни лошо, ни добро. Ете, Ревека е пред тебе, земи ја, па оди, и нека му биде жена на синот од твојот господар, како што рекол Господ.« А кога ги чу слугата Авраамов зборовите нивни, Му се поклони на Господа доземи. Потоа слугата извади работи златни и сребрени, и облека, и ѝ ги даде на Ревека; а и на братот нејзин и на мајката нејзина им даде подароци. Па јадеа и пиеја тој и луѓето, кои беа со него, и ноќеваа. А утредента кога станаа, тој рече: »Пуштете ме да се вратам при господарот мој!« А братот нејзин и мајка ѝ рекоа: »Нека остане девојката кај нас макар уште десетина дена, па тогаш одете.« Но тој им рече: »Не задржувајте ме кога Господ го благослови мојот пат; пуштете ме да си одам кај господарот мој!« А тие рекоа: »Да ја викнеме девојката, и да ја прашаме, што ќе рече таа.« И ја повикаа Ревека, па ѝ рекоа: »Сакаш ли да одиш со овој човек?« А таа одговори: »Сакам.« И ја пуштија Ревека, сестрата своја, и слугинките нејзини, со слугата Авраамов и луѓето негови. Ја благословија Ревека и ѝ рекоа: »Сестро наша, да се умножиш на илјади и илјади, и потомството твое да завладее во градовите над непријателите твои!« И стана Ревека со слугинките свои, и се качија на камилите, и тргнаа со човекот. Така слугата ја зеде Ревека и си отиде. А Исак беше дошол во Беер Лахај Рој, зашто живееше во јужниот крај. Приквечер излезе Исак во полето да се прошета, па ги крена очите: а тоа – ете, камилите идат. Ревека, откако ги подигна очите свои и го виде Исака, слезе од камилата и го праша слугата: »Кој е оној човек, што преку полето ни доаѓа во пресрет?« А слугата одговори: »Тоа е господарот мој.« – Тогаш таа зеде превез, па се покри. И му раскажа слугата на Исака сѐ што беше направил. Тогаш Исак ја одведе Ревека во шаторот на Сáра, мајката своја, и таа му стана жена, и му омиле. А Авраам зеде втора жена, по име Хетура. И таа му ги роди Зимрана, Јоксана, Медана, Мадијама, Јесвока и Соијена. Јоксан ги роди Темана и Дедана. А Деданови синови беа Рагуил, Навдеил и Асурим, Летусим и Лаудим. А синови Мадијамови: Ефа, Ефер, Ханох, Авид и Елдаг. Сите тие беа синови Хетурини. А Авраам целиот свој имот му го даде на Исака. На синовите, пак, од своите наложници им даде Авраам само подароци, и, уште додека беше жив, ги распрати на исток, во источниот крај – далеку од синот негов Исака. А деновите на Авраамовиот живот, што го поживе, беа сто и седумдесет и пет години. И откако ослабе, умре Авраам во добра старост, сит од животот, и се прибра во родот свој. А го погребаа неговите синови, Исак и Исмаил, во пештерата Макпела, во нивата на Ефрона, синот на Хетеецот Сахар, а која се наоѓаше спроти Мамре; во пештерата на нивата, што ја беше купил Авраам од синовите Хетеови, таму беше погребан Авраам со Сáра, жената своја. А по смртта Авраамова го благослови Бог Исака, синот негов. Исак живееше, пак, во Беер Лахај Рој. Еве го родословот на Исмаила, синот Авраамов, кого му го роди на Авраама Агара Египтјанката, слугинката на Сáра. А ова се имињата на синовите Исмаилови, како што ги именуваа во родовите нивни: првенецот Исмаилов е Навајот, па Кидар, Навдеил и Масам, потоа Масма, Дума и Маса, Хадар, Теман, Јетур, Нафес и Кедма. Тоа се синовите Исмаилови, и тоа се имињата според селиштата, шаторите и населбите нивни. Тоа се дванаесетте кнезови над племињата нивни. А деновите на животот Исмаилов се сто триесет и седум години. Потоа ослабе и умре, и се прибра при својот род. Неговите синови живееја од Евилат дури до Сур, источно од Египет, од каде што се оди во Асирија. Тие се населија спроти сите браќа свои. А ова е родословот на Исака, синот Авраамов: Авраам го роди Исака; А Исак имаше четириесет години кога се ожени со Ревека, ќерката на Арамеецот Ватуило од Месопотамија сириска, сестра на Арамеецот Лаван. И Исак Му се помоли на Господа за жената своја, бидејќи таа беше неплодна; и Бог го чу, па Ревека, жената негова, зачна. Но децата се удираа едно со друго во утробата нејзина, и таа рече: »Ако биде така, зошто ми е ова?« И отиде да Го праша Господа. А Господ ѝ рече: »Две племиња има во утробата твоја, и два народа ќе излезат од тебе; едниот народ ќе биде посилен од другиот и поголемиот ќе му служи на помалиот.« И дојде времето да роди, а ете – близнаци во утробата нејзина. Излезе синот првенец црвен, целиот рунтав како руно; и му дадоа име Исав. А потоа излезе брат му, држејќи го Исава со рака за петата; нему му ставија име Јаков. А Исак имеше шеесет години, кога ги роди овие Ревека. И децата пораснаа: Исав стана вешт ловец и љубител на полето, а Јаков беше човек кроток и престојуваше во шаторите. Исак го сакаше Исава, зашто многу му се свиѓаше ловот негов; а Ревека повеќе го сакаше Јакова. Еднаш Јаков зготви јадење, а Исав дојде од полето уморен. И му рече Исав на Јакова: »Дај ми да јадам од тоа црвеникаво, зошто сум уморен.« Оттаму се нарече Едом. Но Јаков му рече на Исава: »Продај ми го денес првородството твое!« А Исав одговори: »Еве, сакам да умрам, па што ќе ми е првородството?« Но Јаков му рече: »Заколни ми се уште сега!« И тој му се заколна. Така Исав му го продаде своето првородство на Јакова. И Јаков му даде на Исава леб и варена леќа, и тој јаде и пи, па стана и си отиде. Така Исав го презре првородството свое. Но настана глад на земјата покрај оној што беше во Авраамовото време; и Исак отиде при Авимелеха, царот Филистејски, во Герар. И му се јави Господ и рече: »Не оди во Египет, туку живеј во земјата, кој ќе ти ја покажам. Настани се во таа замја и Јас ќе бидам со тебе, и ќе те благословам; зашто тебе и на потомството твое ќе ви ја дадам сета таа замја, и ќе ја потврдам клетвата, со која му се заколнав на Авраама, таткото твој; и ќе го умножам потомството твое како ѕвездите на небото, и ќе му ја дадам на потомството твое сета таа замја и ќе се благословат преку потомството твое сите народи земни. Бидејќи татко ти Авраам го послуша гласот Мој и се покоруваше на заповедите Мои, на законите Мои и на наредбите Мои.« И остана Исак во Герар. А луѓето во тоа место прашуваа за жената негова, а тој велеше – »сестра ми е« – оти се плашеше да каже – »Жена ми е« – за да не го убијат луѓето од тоа место заради Ревека, бидејќи таа беше убава. Но откако мина многу време таму, се случи Авимелех, царот герарски, да погледа низ прозорец, и да го види Исака како се шегува со Ревека, жената своја. И го викна Авимелех Исака и му рече: »Па, таа ти била жена; а зошто рече – ‚Сестра ми е?‘« – А Исак му одговори: »Оти помислив дека ќе загинам поради неа.« Авимелех тогаш му рече: »Што ни направи? Лесно можеше да се случи некој од надвор да легне со твојата жена, и ќе нѐ воведеше во грев.« И му заповеда Авимелех на сиот народ свој, велејќи: »Кој ќе се допре до овој човек или до жената негова, ќе загине!« И Исак почна да сее во таа земја, и таа година доби стопати повеќе јачмен. Господ го благослови. И човекот се издигна и стануваше сѐ поголем додека не стана многу богат. И се здоби со многу овци и говеда и ниви, така што Филистејците почнаа да му завидуваат. Па сите извори, што ги беа ископале татковите му слуги при животот на неговиот татко Авраама, Филистејците ги затрупаа со земја. И Авимелех му рече на Исака: »Оди си од кај нас, зашто стана многу посилен од нас!« Тогаш Исак си отиде оттаму, и ги распна шаторите свои во долината Герарска, и се насели таму. И почна Исак да ги откопува изворите, што беа ископани од слугите на Авраама, таткото негов, а кои ги беа затрупале Филистејците по смртта на Авраама, таткото негов; и ги нарече со истите имиња, што им ги беше дал неговиот татко. И копајќи, слугите Исакови во долината Герарска, најдоа извор со жива вода. Па се скараа пастирите Герарски со пастирите Исакови, велејќи: »Водата е наша.« И му кладе име на тој извор Есек, зашто се скараа околу него. Откако замина оттаму, Исак ископа друг извор, и околу него се скараа. Затоа него го нарече Ситна. Тогаш се крена оттаму, и ископа нов извор, а околу него немаше караница; затоа го нарече Реховот, велејќи: »Оти Господ ни даде простор за да се размножиме во оваа земја.« А оттаму мина тој во Вирсавија. И истата ноќ му се јави Бог, и му рече: »Јас сум Бог на Авраама, таткото твој. Не плаши се, зашто Јас сум со тебе, ќе те благословам и ќе го умножам потомството твое заради Авраама, таткото твој.« И направи тој таму жртвеник, и Го призва името Господово. И таму го распна шаторот свој, а слугите Исакови ископаа извор таму, во долината Герарска. Тогаш дојде при него Авимелех од Герар со Охозат, пријателот свој, и со Фихол, војводата свој. А Исак им рече: »Зошто дојдовте при мене кога ме мразите и ме истеравте од кај вас?« А тие одговорија: »Видовме дека Господ Бог е навистина со тебе, па рековме – да положиме меѓу тебе и нас клетва и да склучиме со тебе сојуз: да не ни правиш зло, бидејќи и ние тебе не те допревме и ти правевме само добро, и те пуштивме да си одиш со мир; и ете, сега си благословен од Господа.« Тогаш тој им приреди гозба; па јадеа и пиеја. А уредента, откако станаа рано, се заколнаа еден на друг, и ги отпушти Исак, и тие отидоа од него со мир. Истиот ден дојдоа слугите Исакови и му кажаа за изворот, што го ископаа, и му рекоа: »Најдовме вода.« И тој го нарече Вирсавија и поради ова и се вика оној град Вирсавија и до ден денешен. А кога имаше Исав четириесет години, се ожени со Јудита, ќерка на Хетеецот Веох, и со Васемата, ќерка на Хетеецот Елон. А тие станаа тегоба за Исака и Ревека. Кога Исак остаре и му ослабе видот на очите, та не гледаше, го повика постариот син свој Исава, и му рече: »Сине мој!« А тој одговори: »Еве ме.« И рече Исак: »Еве остарев и не го знам денот на смртта. Земи ја сега спремата своја, лакот и стрелите, и излези в поле, и улови ми дивеч! Па зготви ми јадење какво што сакам, и донеси ми да јадам, и да те благослови душата моја, пред да умрам.« А Ревека чу што му рече Исак на синот свој Исава; и Исав отиде в поле да улови дивеч за својот татко. Ревека, пак, му рече на Јакова, помалиот син свој, велејќи: »Ете, го чув татко ти, како разговараше со Исава, братот твој, и дека рече – ‚Донеси ми дивеч и зготви ми јадење, да јадам, па да те благословам пред Господа, пред да умрам.‘ Туку сега, синко мој, послушај ме што ќе ти речам: Оди при стадото и донеси оттаму две млади и добри јаганца; и јас ќе му зготвам јадење од нив, какво што сака; а ти ќе му однесеш на татка ти, и тој ќе јаде, па ќе те благослови таткото твој дури е уште жив.« А Јаков ѝ рече на Ревека, мајката своја: »Но Исав, братот мој, е рунтав, а јас сум човек гладок. Може татко ми да ме попипа, па пред очите негови ќе станам измамник, и место благослов ќе навлечам врз себе проклетство.« А мајка му одговори: »Проклетството твое, синко, нека падне на мене; само послушај ме, и оди, па донеси ми!« Тогаш тој отиде, зеде и ѝ донесе на мајка си своја; а мајка му негова зготви јадење, какво што јадеше татко му. Па потоа ја зеде Ревека најубавата облека на постариот син Исава, што беше кај неа дома, и го облече Јакова, помладиот нејзин син, а рацете негови и голиот врат му го обложи со јарешки кожички. И му го даде на Јакова, синот свој, в раце јадењето и лебот, што го беше зготвила. А тој влезе при татка си и му рече: »Татко!« А тој одговори: »Еве ме! Кој си ти, синко?« Јаков, пак, му рече на татка си: »Јас сум Исав, твојот првороден син; направив, како што ми рече; стани, седни и јади од ловот мој, па да ме благослови душата твоја.« А Исак му рече на синот свој: »Кога толку бргу најде, синко мој?« А тој одговори: »Господ, твојот Бог, беше милостив.« Тогаш му рече Исак на Јакова: »Дојди поблизу, синко мој, да те попипам и да видам дали си ти, синот мој Исав, или не!« И пристапи Јаков до Исака, таткото свој, а тој го попипа, па рече: »Гласот е глас на Јакова, но рацете се раце Исавови.« И не го позна, зашто рацете му беа како рацете на Исава, братот негов, рунтави. И го благослови, и му рече: »Ти ли си синот мој Исав?« А тој одговори: »Јас сум.« Тогаш рече: »Дај ми сега, синко, да јадам од ловот твој, па да те благослови душата моја.« И му даде и тој јаде; па му донесе и вино, и пи. Потоа Исак, таткото негов, му рече: »Приближи се до мене и целивај ме, синко!« И тој пристапи и го целива; Исак го почувствува мирисот од облеката негова, и го благослови, велејќи: »Еве, мирисот на синот мој е како мирис од полето, што го благословил Господ. Бог нека ти даде роса небеска и родна земја: многу пченица и вино во изобилие! Народи да ти слугуваат и кнезови да ти се клањаат! Да бидеш господар над братот свој и да ти се клањаат синовите на таткото твој! Проклет да биде оној, што тебе те проколнува, а благословен – оној што тебе ќе те благословува!« Па откако Исак го благослови Јакова, и Јаков отиде од Исака, таткото свој, во тој час дојде од лов Исав, братот негов. И тој му зготви јадење и му однесе на татка си, и му рече: »Стани, татко, и јади од она што синот твој улови, за да ме благослови душата твоја!« И Исак, таткото негов, му рече: »Кој си ти?« А тој рече: »Јас сум синот твој, првородениот Исав.« Тогаш Исак премногу се возбуди и рече: »А кој беше оној, кој уловил лов и ми донесе од сѐ, и јас јадев, пред да дојдеш ти, и го благословив? Тој и ќе остане благословен.« А кога ги чу Исав зборовите на таткото негов, извика на сиот глас и многу се нажали, па рече: »Благослови ме и мене, татко!« А тој му одговори: »Дојде братот твој со измама, и го зеде твојот благослов,« Исав, пак, рече: »Сигурно затоа му е името Јаков, еве веќе двапати ме истисна. Првородството ми го зеде, а сега и благословот ми го зеде.« И му рече – Исав на татка си: »Не остави ли благослов и за мене?« И Исак одговори и му рече на Исава: »Него веќе го поставив за господар над тебе; и сите браќа негови ги определив да му бидат слуги; со жито и вино го обдарив; а што да направам сега, синко, со тебе?« Но Исав му рече на татка си: »Зар само еден благослов има кај тебе, татко? Благослови ме и мене, татко!« Бидејќи Исак молчеше, Исав извика на сиот глас и заплака. Тогаш Исак, таткото негов, одговарајќи му рече: »Ете, домот твој ќе биде од плодна земја и од роса небеска одозгора. Од мечот свој ќе живееш, и на брата ти ќе му служиш; но еднаш, кога ќе се побуниш, ќе го стресеш јаремот негов од вратот свој.« Тогаш Исав го намрази Јакова поради благословот, со кој го беше благословил татко му; и си рече Исав во срцето свое: »Се наближуваат деновите на оплакувањето за таткото мој; тогаш ќе го убијам Јакова, братот мој.« И ѝ кажаа на Ревека зборовите од Исава, постариот нејзин син, а таа испрати, па го повика Јакова, помалиот син нејзин, и му рече: »Братот твој Исав се заканува дека сака да те убие. Затоа, синко, послушај ме сега: – Стани и бегај во Месопотамија кај Лавана, братот мој, во Харан, и живеј при него некое време, додека му минат гневот и лутината на братот твој; и додека тој не заборави што си му направил. А тогаш, јас ќе пратам, да те доведат оттаму. Зошто да останам без вас двајцата во еден ден?« А на Исака Ревека му рече: »Ми омрзна животот поради ќерките хетејски. А ако земе Јаков жена од ќерките хетејски, тогаш зошто ми е животот?« Затоа Исак го повика Јакова, го благослови, и му заповеда, велејќи: »Немој да земеш жена од ќерките хананејски! Стани, па оди во Месопотамија, во домот на Ватуила, таткото на мајката твоја, и оттаму земи си жена, од ќерките на Лавана, вујкото твој. А мојот Бог, Кој е семоќен, нека те благослови, и нека те издигне и нека те умножи, та од тебе да настанат многи народи; да ти го даде благословот на Авраама, мојот татко, тебе и на потомството твое со тебе, за да ја наследиш земјата, во која си придојден, а која Бог му ја даде на Авраама!« Така Исак го испрати Јакова, и тој отиде во Месопотамија при Лавана, синот на Ватуила Арамеецот, кај братот на Ревека, мајката на Јакова и Исава. Кога Исав виде како Исак го благослови Јакова и го испрати во Месопотамија арамејска, оттаму да се ожени, и како благословувајќи го, му заповеда: »Немој да се ожениш со некоја од ќерките хананејски«, и дека Јаков го послуша таткото свој и мајката своја, и отиде во Месопотамија; увиде Исав дека ќерките хананејски не му се по волја на Исака, таткото негов, па затоа отиде кај Исмаила, и покрај жените свои ја зеде за жена Маелета, ќерката на Исмаила, синот Авраамов, сестра Навајотова. Јаков, пак, ја напушти Вирсавија и отиде во Харан, па најде едно место, и таму преноќева, бидејќи сонцето беше зашло. И зеде еден камен од тоа место, и си го кладе под главата, па заспа на тоа место. И виде сон: ете, скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и Ангели Божји се качуваа по неа и слегуваа. А ете, Господ стоеше на неа, Кој му рече: »Јас сум Господ Бог на таткото твој Авраама и Бог Исаков, не плаши се. Оваа земја, на која спиеш, тебе ќе ти ја дадам и на потомството твое; а потомството твое ќе биде колку песокта на земјата; ти ќе се рашириш на запад и на исток, и на север и на југ, и сите племиња на земјата ќе се благословуваат со тебе и во потомството твое. И еве, Јас сум со тебе, и ќе те пазам секогаш каде и да појдеш, и ќе те вратам во оваа земја, и нема да те оставам сѐ додека не го извршам она што сум ти рекол.« А кога се разбуди Јаков од сонот, си рече: »Сигурно е Господ на ова место; а јас не знаев!« Се уплаши и рече: »Колку е страшно ова место! Не е друго, а е дом Божји, ова е вратата небеска!« И стана Јаков утредента рано, го зеде каменот, што го беше ставил под глава, и го постави како спомен, па го прелеа со масло. И тоа место Јаков го нарече Ветил, односно дом Божји; а порано името на овој град му беше Луз. И се зарече Јаков, велејќи: »Ако Господ Бог биде со мене и ме запази на овој пат, по кој одам, и ако ми даде леб да јадам и облека да се облекувам, и се вратам здрав во домот на таткото мој, и ми биде Господ Бог мој, тогаш овој камен што го поставив за спомен ќе ми биде дом Божји. И од сѐ, што ќе ми дадеш, ќе Ти давам Тебе дел десетти.« Тогаш се крена Јаков и отиде во земјата на исток, кај Лавана, синот на Ватуила Арамеецот, братот на Ревека, мајката на Јакова и Исава. Одеднаш забележа во полето извор; и ете три стада овци лежеа околу него, бидејќи на тој извор се поеја стада. Но голем камен имаше над отворот од изворот. И се собираа таму сите стада, го иставаа каменот од отворот на изворот и ги напојуваа овците, а потоа пак го ставаа каменот над отворот од изворот на неговото место. Јаков им рече: »Од каде сте вие, браќа?« Тие одговорија: »Од Харан сме.« А тој им рече: »Го познавате ли Лавана, синот Нахоров?« Тие рекоа: »Го познаваме.« Тој пак ги праша: »Здрав ли е?« Рекоа: »Здрав е, и еве Рахил, ќерката негова, иде со стадото.« И тој рече: »Ете, уште е рано и не е време добитокот да се прибира. Напојте ги овците, па одете и пасете ги!« А тие рекоа: »Не можеме, додека не се соберат сите стада, за да се истави каменот од отворот над изворот, па тогаш ќе ги напоиме овците.« Додека тој уште зборуваше со нив, дојде Рахил со стадото од таткото нејзин, бидејќи таа ги пасеше овците. А кога ја виде Јаков Рахил, ќерката Лаванова, братот на мајка си, и стадото на Лавана, братот на мајка си, пристапи Јаков и го истави каменот од отворото на изворот, и го напои стадото на вујка си Лавана. И ја целива Јаков Рахил, па извика и заплака. Потоа ѝ кажа на Рахил дека тој му е род на таткото нејзин и дека е син на Ревека, а таа оттрча, па го извести таткото свој. А кога чу Лаван за Јакова, синот на неговата сестра, му излезе во пресрет, го прегрна и бакна, и го воведе во својот дом. А тој остана при него цел месец. Лаван, пак, му рече: »Ти си навистина коска од моите коски и од мојата плот!« И тој остана при него цел месец. Тогаш му рече Лаван на Јакова: »Зарем бесплатно ќе ми служиш оти си ми род? Кажи ми, која да ти биде платата?« А Лаван имаше две ќерки: на постарата ѝ беше името Лија, а на помладата Рахил. На Лија очите и беа болникави, а Рахил имаше убава става и убаво лице. На Јакова му омиле Рахил, па рече: »Ќе ти служам седум години за Рахил, твојата помала ќерка.« Тогаш Лаван рече: »Подобро тебе да ти ја дадам, отколку на друг; остани при мене!« И отслужи Јаков за Рахил седум години, и тие му се причинија како неколку дена, зашто ја сакаше. И му рече Јаков на Лавана: »Дај ми ја жената, зашто дојде времето да влезам при неа!« И ги повика Лаван сите луѓе од тоа место и направи сведбена гозба. А вечерта ја зеде Лаван Лија, ќерката своја, и ја воведе кај Јакова, и Јаков влезе при неа. И Лаван ѝ ја даде Зелфа, слугинката своја, на Лија, ќерката своја, за да ѝ биде слугинка. А кога настана утрото, се виде дека тоа била Лија, па му рече Јаков на Лавана: »Што ми направи? Нели за Рахил ти слугував? Зошто ме измами?« А Лаван му рече: »Не бива во нашето место да се омажи помалата пред постарата. Помини оваа седмица со неа, па ќе ти ја дадам и другата, за која ќе ми слугуваш други седум години.« И Јаков направи така, и помина со неа една седмица. Потоа му ја даде Лаван за жена Рахил, ќерката своја. И ѝ ја даде Лаван слугинката своја Вала на Рахил, ќерката своја, за да ѝ биде слугинка. Тогаш Јаков влезе при Рахил. И Рахил повеќе ја засака отколку Лија. И така му служеше на Лавана уште други седум години. Кога виде Господ Бог, пак, дека Лија не е сакана, ѝ ја отвори утробата нејзина, а Рахил остана неплодна. Лија зачна и му роди син на Јакова, и го нарече Рувим, велејќи: »Господ милостивно погледна на смирението мое, сега ќе ме засака мажот мој.« И пак зачна, и роди син, па рече: »Господ чу дека не сум сакана, па ми го даде и овој.« И го нарече Симеон. И одново зачна, пак роди син и рече: »Сега веќе ќе ми се наклони мажот мој, оти му родив три сина!« Затоа му стави име Левиј. А кога пак зачна, и роди син, рече: »Сега ќе го восфалам Господа!« Затоа го нарече Јуда. И престана да раѓа. Рахил, гледајќи дека не му раѓа деца на Јакова, ѝ позавиде на сестрата своја, па му рече на Јакова: »Дај ми деца, ако не – јас ќе умрам!« А Јаков се налути на Рахил, и ѝ рече: »Зар јас сум тој, а не Бог, што не ти дал плод на утробата?« И му рече Рахил на Јакова: »Ене ја слугинката моја Вала; влези при неа; нека ми роди таа в скут, па јас ќе имам деца од неа.« И му ја даде Вала, слугинкака своја, за жена, и Јаков влезе при неа. И Вала зачна, и му роди на Јакова син. А Рахил рече: »Бог ми пресуди и го чу гласот мој, та ми даде син.« Затоа му стави име Дан. И Вала, слугинката на Рахил, пак зачна, и му роди втор син на Јакова. А Рахил рече: »Ми помага Бог. Жестоко се борев со сестрата моја, но победив.« И му кладе има Нефталим. А Лија, гледајќи дека престана да раѓа, ја зеде слугинката своја Зелфа и му ја даде на Јакова за жена; и тој влезе при неа. И зачна Залфа, слугинката на Лија, и му роди на Јакова син; Тогаш Лија рече: »Дојде честа моја.« Па го нарече Гад. И пак зачна Зелфа, слугинката Лиина, и му роди на Јакова и втор син. И рече Лија: »Блазе мене, зашто блажена ќе ме наречуваат жените!« Затоа му стави име Асир. А кога се жнееше пченицата, излезе Рувим во полето и најде мандрагори, па ѝ ги донесе на Лија, мајката своја. А Рахил ѝ рече на Лија, сестрата своја; »Дај ми од мандрагорите на синот твој!« Лија, пак, рече: »Малку ли ти беше што ми го зеде мажот? Сакаш да ми земеш и од мандрагорите на синот мој?« Рахил ѝ одговори: »Тогаш нека легне ноќеска со тебе за мандрагорите од синот твој.« И вечерта, кога Јаков се враќаше од полето, му излезе Лија во пресрет и рече: »Влези при мене, зашто те откупив за мандрагорите од синот мој!« И легна тој со неа таа ноќ. А Бог ја послуша Лија, и таа зачна, па му го роди на Јакова петтиот син. И рече Лија: »Бог ми даде награда, затоа што му ја дадов слугинката своја на мажот мој.« И му даде име Исхар, што значи награда. И пак зачна Лија, и му го роди на Јакова шестиот син. И рече Лија: »Бог ме награди со убав дар, па можеби сега ќе ме засака мажот мој, бидејќи му родив шест синови.« Затоа го нарече Завулон. Потоа роди ќерка и ѝ стави име Дина. Но Бог си спомна и за Рахил. И ја услиша Бог, па ја отвори утробата нејзина. Таа зачна и му роди на Јакова син, па рече Рахил: »Бог го отстрани од мене срамот мој.« И му даде име Јосиф, велејќи: »Бог ќе ми даде и друг син.« А кога Рахил го роди Јосифа, му рече Јаков на Лавана: »Пушти ме и ќе си одам во моето место и во својата земја. Дај ми ги жените мои, и децата мои, за кои ти служев, и да си одам; а ти знаеш како ти служев.« Лаван му рече: »Немој, ако сум нашол милост пред тебе. Гледам дека Бог ме благослови поради тебе.« И уште рече: »Барај плата, колку што сакаш, и јас ќе ти дадам.« А Јаков му одговори: »Ти знаеш како ти служев и колку многу ти се зголеми добитокот со мене; оти малку беше она, што го имаше, додека не дојдов јас; но многу се намножи, бидејќи Господ Бог те благослови кога дојдов јас. Па кога и јас за себе така куќа ќе куќам?« И му рече Лаван: »Што бараш да ти дадам?« А Јаков одговори: »Не треба ништо да ми дадеш. Но направи онака како што ќе ти кажам, а јас, пак, ќе го пазам стадото твое и понатаму. Ќе го обиколам денес целото стадо твое и оддели секоја шарена овца и секоја црна и секоја шарена и пружеста коза. И тоа нека биде платата моја! Така после ќе ми посведочи справедливоста моја пред тебе кога ќе дојдеш да ја провериш наградата моја: ако се најде тогаш меѓу моите овци која не е црна или шарена, и меѓу козите мои, која не е шарена или пружеста, значи крадена е.« Лаван му рече: »Нека биде, како што рече!« И ги оддели Лаван истиот ден јарците пружести и шарени и сите кози црвеникави и шарени – секоја на која имаше нешто бело и сите црни овци, па им ги предаде на синовите свои. И определи растојание од три дена одење меѓу себе и Јакова. А Јаков го пасеше другиот ситен добиток на Лавана. И зеде Јаков зелени прачки тополови, бадемови и јаворови, па изрежа Јаков пруги, откако ја извади кората до беликата, и ги стави така изрезаните прачки во коритата од поилата, каде што доаѓаа овците да пијат, а бидејќи стоката зачнуваше, кога доаѓаше на вода, овците, гледајќи во прачките зачнуваа, па се раѓаа овци белузлави, дамкичави и шарени. И Јаков ги одделуваше и овците, и им ги свртуваше главите кон шареното и сето црно стадо на Лавана; а своето стадо го одделуваше и не го мешаше со стадото Лаваново. И секогаш кога зачнуваше силниот добиток, Јаков ги ставаше прачките во поилата пред очите на добитокот, за да се пари гледајќи во прачките. А кога се пареше слабиот добиток, тогаш не ги ставаше. И го оставаше слабиот за Лавана, а силниот – за Јакова. И така тој човек се збогати многу, многу, та имаше многу ситен добиток и крупен, слугинки и слуги и камили и осли. Во тоа време чу Јаков дека синовите Лаванови зборуваат: »Јаков зеде сѐ, што беше на нашиот татко, и од она што беше на нашиот татко, го доби тоа цело богатство.« И виде Јаков дека лицето на Лавана не е спрема него како вчера и завчера. И му рече Господ на Јакова: »Врати се во земјата на таткото свој и во родот свој; и Јас ќе бидам со тебе!« Тогаш испрати Јаков, и ги повикаа Рахил и Лија од полето, каде што беше стадото, и им рече: »Гледам дека лицето на вашиот татко не е спрема мене како вчера и завчера; но Бог на таткото мој беше со мене. Вие самите знаете дека на вашиот татко му служев со сета своја сила, а таткото ваш ме лажеше и десетпати ми ја мени платата, но Бог не му дозволи да ми направи зло. Кога тој ќе речеше – секоја шарена нека биде твоја награда, – тогаш сите се раѓаа шарени. А кога ќе речеше – секоја пружеста да ти биде плата – тогаше сите се раѓаа пружести. Така Бог го одзеде добитокот од вашиот татко и ми го даде мене. Еднаш, кога се пареше доботокот, ги кренав очите мои и видов сон, а тоа – овните и јарците што скокаа на овците и козите беа пружести, наместа бели и шарени. И ангел Божји ми рече во сонот: ‚Јакове!‘ А јас одговорив: ‚Еве ме!‘ А тој рече: ‚Крени ги очите твои и погледај, овните и јарците што скокаат на овците и козите, се пружести, со бели дамки и шарени; оти гледам сѐ што ти прави Лаван. Јас сум Бог, Кој ти се јави во Ветил, каде што го прели каменот и ми направи таму завет; стани сега и оди си од оваа земја, и врати се во родниот крај и ќе бидам со тебе.‘« Тогаш одговорија Рахил и Лија, и му рекоа: »Дали имаме уште некаков дел од наследството во домот од таткото наш? Зарем не нѐ сметаше како туѓинки? Тој нѐ продаде и го изеде нашето сребро. Сето ова богатство и слава, што му ги зеде Бог на таткото наш, ќе биде наше и на нашите деца. Затоа сега прави онака како што ти рекол Бог.« И се крена Јаков, па ги качи децата свои и жените свои на камили; и го зеде со себе сиот свој добиток, и целото свое богатство, што го беше придобил во Месопотамија, за да појде кај Исака, таткото негов, во земјата Хананска. А Лаван беше отишол да ги стриже овците свои; тогаш Рахил му ги украде идолите на таткото свој. И Јаков затаи од Лавана Арамеецот, не јавувајќи му дека ќе си оди. И си замина тој со целото богатство свое, и се крена и премина преку реката, па се упати кон гората Галад. На третиот ден му јавија на Лавана Арамеецот дека Јаков побегнал. И ги зеде со себе синовите и браќата свои, па тргна по него во потера, и по седум дена го стигна во гората Галад. Но Бог му дојде на Лавана Арамеецот ноќе во сон, и му рече: »Пази се, не зборувај му на Јакова лошо!« И го настигна Лаван Јакова; а Јаков ги беше распнал шаторите свои во гората. А и Лаван исто така ги распна со сродниците свои во гората Галад. И Лаван му рече на Јакова: »Што направи? Зошто ме излага и ги одведе ќерките мои, како со оружје грабнати? Зошто тајно избега и скришум отиде од мене? Ако ми кажеше, јас ќе те испратев со веселба и со песни, со тимпани и гусли? Ти не ме удостои дури ни да ги бакнам внуците мои и ќерките мои? Постапи навистина неразумно. Сега можам да постапам лошо со тебе. Но Бог на вашиот татко ми рече ноќеска, велејќи: – ‚Пази се, на Јакова не зборувај му лошо.‘ Оди си, значи, кога толку си се зажелел да се најдеше во куќата таткова – но зошто ги украде идолите мои?« А Јаков му одговори на Лавана и рече: »Се плашев, оти помислив дека насила ќе ми ги грабнеш ќерките свои од мене, и сѐ мое.« И рече Јаков: »Кај кого ќе ги најдеш идолите твои, тој нека не живее повеќе; пред нашите сродници барај го она, што е твое кај мене.« Но тој ништо не најде кај него, а Јаков, пак, не знаеше дека Рахил, жената негова, ги украла. И влезе Лаван и ги пребара во шаторот на Јакова и во шаторот Лиин и во шаторот на двете робинки, и не ги најде. Па, откако излезе од шаторот на Лија, влезе во шаторот на Рахил. А Рахил беше ги зела идолите и ги сокрила под седлото на една од камилите и беше седнала на нив. А таа му рече на таткото свој: »Немој да се налутиш, господару мој, што не можам да станам пред тебе, оти го имам она што е кај жените обично.« И ги бараше Лаван по целиот шатор, но не ги најде идолите свои. И Јаков се налути, па се скара со Лавана и, велејќи, му рече: »Што сум направил, што сум згрешил, па толку жестоко ме гониш? Ги пребара сите работи мои, и што најде од куќата твоја? Покажи овде пред моите и пред твоите сродници, и тие нека пресудат меѓу нас двајцата. Еве, дваесет години бев кај тебе: овците твои и козите твои не се јаловеа; а овни од твоето стадо не јадев. Што ќе заколеа ѕверовите, не ти го носев, сам го надоместував; од мене го бараше она, што ќе беше загубено дење или ноќе. Дење ме изнуруваше горештината, а ноќе мрзнев; и сонот ми бегаше од очите. Такви ми беа дваесетте години во твојата куќа. Ти служев четиринаесет години за двете ќерки твои и шест години за овците твои, и платата ми ја измени десетпати. Да не беше со мене Бог на мојот татко, Бог Авраамов, и стравот од Исака со мене, ти секако би ме отпуштил празен. Но Бог ја виде мојата неволја и трудот на рацете мои, па те прекори вчера.« А Лаван му одговори на Јакова и рече: »Ќерките се мои ќерки; децата се мои деца, добитокот е мој добиток и, сѐ што гледаш, сѐ е мое и на ќерките мои; па можам ли нешто да им направем ним и на децата што ги родија тие? Туку ајде да склучиме сојуз јас и ти, и тоа нека биде сведоштво меѓу мене и тебе!« А Јаков му рече: »Никого нема со нас. Бог е сведок меѓу мене и тебе.« Тогаш Јаков зеде камен и го постави за спомен. И им рече Јаков на сродниците свои: »Соберете камења!« И Насобраа камења и ги нафрлија на куп, и јадеа таму на купот. Му рече Лаван: »Оваа грамада денес сведочи меѓу мене и тебе.« Лаван го нарече купот Јегар – Сахадут, односно грамада сведоштво. А Јаков го нарече Галад, т.е. грамада сведок. И му рече Јаков на Лавана: »Овој куп и овој камен што го поставив меѓу мене и тебе ќе сведочи пред мене и тебе и затоа се нарече со името Галад.« А се нарече и Миспа, оти Лаван рече: »Нека гледа Бог на мене и на тебе, откако ќе се разделиме еден од друг. Ако постапуваш со ќерките мои лошо или ако земаш други жени покрај ќерките мои, тоа, иако нема човек да биде меѓу нас да гледа, ете, Бог е сведок меѓу мене и тебе.« И уште му рече Лаван на Јакова: »Еве го овој куп, еве го овој споменик, што го поставив меѓу тебе и мене; овој спомени нека биде сведок дека ниту јас нема да мина преку овој куп кај тебе, ниту ти кај мене ќе минеш преку овој куп и преку овој споменик за лошо. Бог Авраамов и Бог Нахоров, нека суди меѓу нас!« И Јаков се заколна во – стравот на неговиот татко Исака. Тогаш Јаков закла жртва во гората, и ги повика сродниците свои; и тие јадеа, пиеја и ноќеваа во гората. А утрина стана Лаван, и ги бакна внучињата и ќерките свои, и ги благослови; па се врати Лаван и отиде во своето место. И Јаков тргна по својот пат и виде војска Божја спроти него; и го сретнаа ангели Божји. А кога ги виде, Јаков рече: »Ова е Божја војска.« И затоа местото го нарече Маханаим. И прати Јаков пред себе гласници кај Исава, братот негов, во земјата Сеир, во крајот Едомски. Па им заповеда и рече: »Вака речете му на господарот мој Исава: – ‚Еве што вели слугата твој Јаков: бев при Лавана и досега се задржав таму; а имам волови, осли и ситен добиток, слуги и слугинки; затоа испратив да го известат господарот мој Исава; не би ли нашол слугата твој милост пред тебе?‘« И се вратија гласниците кај Јакова и му рекоа: »Отидовме при братот твој Исав, и ете тој ти доаѓа во пресрет со четиристотини души.« А Јаков се уплши многу и се загрижи; па ги раздели во две групи своите луѓе што беа со него, и овците, и воловите, и камилите. И рече Јаков: »Ако Исав удри на едната група и ја разбие, можеби втората ќе се спаси.« И пак рече Јаков: »Боже на таткото мој Авраама, Боже на таткото мој Исака, Господи Боже, Ти, Кој ми рече – ‚Врати се во земјата каде што си роден, и Јас ќе ти бидам добротвор!‘ – Не сум заслужил толкава милост и толкава вера што му ја направи на слугата Твој; зашто само со стап го минав овој Јордан, а сега сум господар на два табора. Спаси ме од рацете на братот мој, од рацете Исавови, оти се плашам од него да не би, кога ќе дојде да ме убие мене, да ги убие и мајките и децата. А Ти рече – ‚Навистина Јас ќе ти бидам добротвор, и ќе направам потомството твое да биде како песокта морска, кое од множество не ќе може да се изброи.‘« И преноќева таму таа ноќ, и зеде од сѐ она што му беше при рака, па му испрати дарови на својот брат Исава: двесте кози со двесте јарци, двесте овци со двесте овни, триесет камили родилки со камилчиња, четириесет крави и десет јуниња, дваесет ослици и десет осли. И им ги предаде на слугите свои, секое стадо посебно. Па им рече на слугите свои: »Врвете пред мене и оставајте доволно растојание меѓу едното стадо и другото!« И му заповеда на првиот, велејќи: »Ако те сретне Исав, братот мој, и те праша, велејќи: – ‚Чиј си?‘ – и – ‚Каде одиш?‘ – и – ‚Чие е тоа што го тераш пред тебе?‘ А ти кажи – ‚На слугата твој Јакова, а ова му го испраќа како дар на господарот свој Исава, и ете, и самиот доаѓа по нас.‘« Што му заповеда на првиот, така направи и на вториот и на третиот и на сите што одеа по стадата, и рече: »Така кажете му на Исава, кога ќе го сретнете.« И уште рече: »Ете, Јаков слугата твој, доаѓа по нас.« Оти си велеше; »Ќе го ублажам со даровите што одат пред мене, па ќе му го видам тогаш лицето; можеби, и ќе ме прими.« Така даровите тргнаа пред него, а тој преноќева таа ноќ кај таборот свој. И ноќта стана, па откако ги зеде обете жени свои и двете робинки и единаесетте синови свои, го премина потокот Јавок. А откако нив ги зеде и ги преведе преку потокот, пренесе и сѐ друго што имаше. А кога остана Јаков сам, тогаш некој се бореше со него до зори. И кога виде дека не може да го совлада, се допре до бедрото, така што на Јакова му се измести колкот од зглобот додека се бореше со Него. Па тогаш рече: »Пушти Ме веќе, зора е!« Но Јаков одговори: »Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш.« И му рече: »Како се викаш?« А тој одговори »Јаков«. Тогаш му рече: »Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израил ќе е името твое; зашто храбро се бореше и со Бога, па и со луѓето силен ќе бидеш.« А Јаков праша и рече: »Кажи ми го името Твое!« А Он одговори: »Зошто прашуваш за името Мое, кое е чудно?« И го благослови таму. И Јаков го нарече она место со името Фануил, зашто, рече; »Бога го видов лице в лице, и душата моја се спаси.« А сонцето беше изгреало кога го мина Фануил, и накривнуваше поради колкот. Затоа синовите Израилеви не ја јадат жилата кај зглобот од бедрото се до денешен ден, бидејќи зглобот на бедрото од Јакова му беше исчашен во тетивата. И погледа Јаков со очите свои, па виде, ете Исав, братот негов доаѓа, и со него четиристотини луѓе. И ги раздели децата на Лија, и на Рахил и на двете слугинки. И ги постави слугинките со нивните деца напред, а Лија и нејзините деца зад нив; додека Рахил со Јосифа беа последни. А самиот тој излезе прв пред нив и седумпати се поклони доземи, додека не дојде до братот свој. Исав истрча пред него и го прегрна, па му се обеси околу вратот и го бакна, и обајцата заплакаа. Исав, пак, кревајќи ги очите, ги виде жените и децата, па рече: »Кои ти се овие?« А Јаков одговори: »Деца, со кои Бог го помилува слугата твој.« Тогаш пристапија слугинките со децата свои, и се поклонија. Потоа пристапи Лија и децата нејзини, и се поклонија; а најпосле пристапија Јосиф и Рахил, и се поклонија. А Исав рече: »Зошто ти е сите оние луѓе, што ги сретнав?« Јаков одговори: »Да најдам милост пред очите на господарот мој.« Исав, пак, рече: »Има, брате, при мене доста; нека ти остане табе она што е твое.« Но Јаков рече: »Ако најдов милост пред очите твои, прими го дарот од мојата рака, зашто кога го видов лицето твое дека убаво ме пречекува, како да бев го видел лицето Божјо. Прими го дарот мој, што го донесов; бидејќи изобилно ме обдари Бог, и имам сѐ.« И навали на него и тој го прими. Потоа рече Исав: »Ајде да одиме, ќе појдам и јас со тебе.« Но Јаков му рече: »Знае господарот мој дека овие деца се мали, а имам овци и крави доилки, па, ако ги подгонам само еден ден побрзо, ќе ми изгине сето стадо. Туку нека тргне господарот мој пред слугата негов, а јас ќе одам полека, колку што можат децата и добитокот пред мене, и ќе дојдам кај господарот мој во Сеир.« Исав рече: »Ќе ти оставам неколку луѓе, што се со мене.« Јаков одговори: »Зошто? Доволно е само да најдам милост пред господарот мој.« И така Исав се врати истиот ден по својот пат во Сеир. А Јаков отиде и таму си направи дом, а за добитокот свој направи трла. Затоа тоа место го нарече Сокот. Потоа Јаков дојде во Сихем, град во земјата Хананска, откако се врати од Месопотамија, и се насели спроти градот. И купи парче земја, каде што го распна шаторот свој, од Емор, таткото Сихемов, за сто ковани пари. И таму подигна жртвеник, и го призва Бога Израилев. Дина, ќерката на Лија, која му ја роди на Јакова, излезе за да ги види девојките во тој крај. Но ја виде Сихем, синот на Емореецот, кнез на таа земја, ја зеде и спа со неа, и ја осрамоти. И му се припи срцето негово за Дина, ќерката на Јакова, и тој ја засака девојката, и гледаше да ја придобие. И му рече Сихем на Емора, таткото свој, велејќи: »Ожени ме со онаа девојка!« А Јаков чу дека синот Еморов ја осрамотил Дина, ќерката негова; но, бидејќи синовите негови беа в поле со добитокот негов, Јаков замолча додека не дојдат тие. Тогаш Емор, таткото Сихемов, отиде кај Јакова да поразговара со него. А кога дојдоа синовите на Јакова од полето и слушнаа што станало, силно се нажалостија и огорчија многу, зашто тој му нанел срам на Израилот, преспивајќи со ќерката на Јакова, што не требаше да го направи. А Емор им рече, велејќи: »Синот мој Сихем од срце ја засака вашата ќерка. Дајте му ја за жена! И посватете се со нас; ќерките ваши мажете ги за нас и со ќерките наши женете се. Па живејте со нас, и земјата е пред вас; населувајте ја, движете се слободно и создавајте свои имоти.« А Сихем му рече на таткото на девојката и на браќата нејзини: »Само да најдам милост пред очите ваши, и ќе ви дадам сѐ што ќе ми кажете. Побарајте најголем откуп и дарови: јас ќе ви дадам сѐ, што и да ми кажете; само дајте ми ја момата за жена.« А синовите на Јакова му одговорија на Сихема, и на таткото негов, неискрено. А така одговорија, бидејќи беше ја осрамотил Дина, сестрата нивна. И им рекоа: »Не можеме тоа да го направиме, да ја дадеме сестрата наша за човек необразан, зашто тоа е срамно за нас. Но ќе се согласиме со вас и ќе се населиме кај вас, само ако сакате да се изедначите со нас и да ги обрежете сите ваши машки. Тогаш ќе ги мажиме нашите ќерки за вас и ќе се жениме со вашите ќерки, ќе се населиме кај вас и ќе станеме еден народ. А ако не нѐ послушате да се обрежете, ние ќе ја земеме нашата ќерка и ќе си отидеме.« И по волја им беа зборовите нивни на Емора и на Сихема, неговиот син. И момчето, не двоумејќи се, го направи тоа веднаш, бидејќи многу ја засака ќерката на Јакова. А тој беше најпочитуван меѓу своите во домот на неговиот татко. И застана Емор и син му Сихем пред портите од нивниот град, и им рекоа на жителите од својот град, велејќи: »Овие луѓе се мирни, сакаат да се населат во оваа земја и слободно да се движат по неа; а еве – земја има и за нив. Па нека ги земаме нивните ќерки за жени, а и нашите да им го даваме ним. Но се согласуваат со нас така да живеат и да станеме еден народ, само ако сите машки меѓу нас се обрежат, како што се тие обрезани. Нивните стада и нивниот имот и сиот нивни добиток нема ли да бидат и наши? Само да се согласиме со нив, и тие ќе останат со нас.« И сите што излегуваа од портите на градот нивни го послушаа Емора и Сихема, синот негов; и се обрезаа сите машки. А на третиот ден, додека тие уште беа во болки, двајцата синови Јаковови, Симеон и Левиј, браќата на Дина, го зедоа секој својот меч и слободно влегоа во градот и ги изубија сите машки. Го погубија и Емора, и синот негов Сихем, со остар меч, и, откако ја зедоа Дина од домот на Сихема, си отидоа. Тогаш дојдоа синовите на Јакова кај убиените, и го ограбија градот, зашто во него беше осрамотена сестрата нивна. И ги зедоа овците нивни, и добитокот нивни, и ослите нивни, сѐ што беше во градот и сѐ што имаше во полето. И сето богатство нивно, и децата и жените нивни ги пленија, и ограбија сѐ, што имаше во градот и во куќите. Тогаш Јаков им рече на Симеона и на Левиј: »Ме смутивте и ме омразивте кај народот од оваа земја, кај Хананејците и Ферезејците. Јас имам малку луѓе; тие ќе се соберат против мене, ќе ме убијат, та ќе бидам истребен јас и домот мој.« А тие рекоа: »Зар со сестрата наша да постапуваат како со блудница?« И му рече Бог на Јакова: »Стани, оди горе во Ветил и живеј таму; и направи таму жртвеник на Бога, Кој ти се јави, кога бегаше од лицето на Исава, братот твој.« Тогаш Јаков им рече на своите домашни и на сите, кои беа со него: »Исфрлете ги идолите, што се кај вас, па исчистете се и преоблечете се. Да се кренеме и да отидеме во Ветил; таму ќе направам жртвеник на Бога, Кој ме чу во денот на неволјата моја, и беше со мене и ме спаси на патот, по кој одев.« И му ги дадоа на Јакова сите идоли, што беа во нивни раце, и обетките, – што ги имаа на ушите; и ги закопа Јаков под дабот кај Сихем; ги остави непознати до денешен ден. Потоа отиде Израил. А страв Божји ги беше спопаднал околните градови, та не се кренаа во потера по синовите Израилеви. И Јаков дојде во Луз, во земјата Хананска, а тоа е Ветил, тој сам и луѓето што беа со него, и направи таму жртвеник, и го нарече тоа место: Ел-Ветил, зашто таму му се беше јавил Бог, кога бегаше од лицето на Исава, својот брат. Тогаш умре Девора, доилката на Ревека, и ја погребаа подолу од Ветил, под дабот, кого Јаков го нарече Плачи-даб. И му се јави Бог на Јакова во Луз, откако се врати од Месопотамија, и го благослови Бог. И му рече Бог: »Името ти е Јаков, но отсега нема да се именуваш Јаков, името ќе ти биде Израил.« И го нарече Израил. И уште му рече Бог: »Јас сум твој Бог; плоди се и множи се; народ и многу народи ќе настанат од тебе и цареви ќе излезат од твоето колено. И ти ја дадов земјата, што му ја дадов на Авраама и на Исака, твоја да биде, а и на потомството твое ќе му ја дадам оваа земја.« Потоа Бог се издигна од местото, каде што му зборуваше. А Јаков подигна споменик на истото место, каде што му зборуваше Бог; споменик од камен, па го покропи и го прелеа со елеј. И Јаков го нарече тоа место, каде што му зборуваше Бог, Ел-Ветил. И отиде Јаков потаму од Ветил, и го распна шаторот свој подалеку од кулата Гадер. А кога им преостана уште маку пат до Ефрат, Рахил роди, и породувањето ѝ беше тешко. А кога породилните маки ѝ беа најтешки, бабицата ѝ рече: »Не плаши се, и ова ќе ти биде син.« А кога душата ја напушташе, бидејќу умираше, го нарече Венони, т.е. син на болките мои. Но таткото му даде име Венијамин. И умре Рахил, и ја погребаа крај патот што води кон Ефрат, а тоа е Витлеем. И подигна Јаков споменик над гробот нејзин. Тоа е споменикот на гробот Рахилин до денешен ден. А кога замина оттаму, Израил го распна шаторот свој зад кулата Гадер. И кога Израил живееше во таа земја, отиде Рувим, та легна со Вала, наложницата на неговиот татко Јаков. И тоа го дочу Израил и се огорчи. А Јаков имаше дванаесет синови. Синовите Лиини беа: Рувим, првенецот Јаковов, и по него Симеон, Левиј, Јуда, Исахар и Завулон. А синовите на Рахил беа: Јосиф и Венијамин. Синови, пак, на Вала, робинката на Рахил, беа Дан и Нефталим. А синови на Зелфа, робинката Лиина, се: Гад и Асир. Тоа се синови Јаковови, кои му се родија во Месопотамија. И дојде Јаков кај Исака, таткото свој, кој уште беше жив во Мамре во Киријат-Арби, односно во Хеврон, во земјата Хананска, каде што Авраам и Исак беа придојдени. А Исак имаше сто и осумдесет години. И изнемоштен, умре Исак, и беше прибран кај родот свој, бидејќи стар и сит од животот. А го погребаа синовите негови Исав и Јаков. А ова е родословот на Исава, кој се вика и Едом Исав се ожени со ќерките ханански: Ада, ќерка на Елома Хетеецот, и Оливема, ќерката на Ананиј, синот на Севегона Евеецот. И со Васемата, ќерката Исмаилова, сестрата на Навајот. Ада му го роди на Исава Алифаса, а Васемата го роди Рагуила. Оливема, пак го роди Јеуса, Јеглома и Кореја. Тоа се синовите Исавови, кои му се родија во земјата Хананска. И Исав ги зеде жените свои, и синовите свои, и ќерките свои и сите домашни свои, и стадата свои, и сиот добиток свој, и сето богатство свое, и сѐ што го беше добил во земјата Хананска, па отиде Исав од земјата Хананска во друга земја, далеку од Јакова, братот свој. Оти, богатствата им беа многу големи, па не можеа да живеат заедно; ниту земјата, во која беа придојдени, можеше да ги прибере, поради многуте стада. И се насели Исав, наречен Едом, на гората Сеир. Ете, тоа е племето Исавово, татко на Едомците на гората Сеир. Еве ги имињата на синовите Исавови: Елифас, син на Ада, жена Исавова, и Рагуил, син на Васемата, жена Исавова. А Елифасови синови беа: Теман, Омар, Софар, Готом и Кенез. Тамна беше наложница на Елифас, синот Исавов, и му го роди на Елифаса Амалик. Тоа се синовите на Ада, жената Исавова. А ова се синовите Рагуилови: Нахот, Заре, Соме и Мозе. Тоа беа синовите на Васемата, жената Исавова. Синовите, пак, на Оливема, ќерката на Ананија, жената Исавова: синот Севегонов; таа му ги роди на Исава Јеуса, Јеглома и Кореја. А ова се старешините Исавови: синовите на Елифас, првенецот Исавов: старешината Теман, старешината Омар, старешината Софар, старешината Кенез, старешината Кореј, старешината Готом, старешината Амалик. Тоа се старешините од Елифас во земјата Едомска, кои се синови Адини. Ова се, пак, потомците на Рагуила, синот Исавов: старешината Нахот, старешината Заре, старешината Соме, и старешината Мозе. Тоа се старешините од Рагуила во земјата Едомска; тие се синови на Васемата, жената Исавова. А потомци на Оливема, жената Исавова: старешината Јеус, старешината Јеглом, старешината Кореј. Тоа се старешините од Оливема, ќерката на Ананиј, жена Исавова. Тоа беа синовите Исавови, и старешините нивни, кои се синови Едомови. Еве ги синовите на Хореецот Сеир, кои живееја во онаа земја: Лотан, Совал, Севегон и Ана. Дисон, Асар и Рисон. Тие се старешини на Хореовиот син Сеир во земјата Едомска. А синови Лотанови беа: Хориј и Еман; сестра, пак, Лотанова беше Тамна. Ова се, пак, синовите Совалови: Голам, Манахат, Говил, Софар, и Омар. Синови на Севегон беа: Аиј и Ана. Тој е оној Ана, кој ги пронајде топлите извори во пустињата, кога ги пасеше ослите на Севегон, таткото свој. Деца, пак, Ананиеви се: Дисон и Оливема, ќерката на Ана. А ова се синовите Дисонови: Амад, Асван, Итран и Харан. Асванови синови беа: Валам, Зеван и Акан. Синови, пак, на Рисона беа: Уз и Аран. Еве ги старешините на Хорејците: старешината Лотан, старешината Совал, старешината Севегон, старешината Ана, старешината Дисон, старешината Асар, старешината Рисан. Тоа се старешините на Хорејците, според старешинствата во земјата Сеир. А ова се царевите, кои царуваа во Едом, пред да стануваат цареви синовите Израилеви: во Едом царуваше Валак, синот Веоров, а градот се викаше Денава. А кога умре Валак, по него се зацари Јовав, синот Зарин од Восор. По смртта на Јовав, се зацари Асом од земјата Теманска. А кога умре Асом, на негово место се зацари Адад, синот Варадов, кој ги порази Мадијамците во полето Моавско, а градот се викаше Гетен. Умре и Адад, а на негово место се зацари Самада од Масекас. По смртта на Самада се зацари Саул од Ровот, кој се наоѓа крај река. А кога умре Саул, на негово место се зацари Валенон, синот Аховоров. Умре и Валенон, синот на Аховор, а на негово место се зацари Адар, синот Варадов, а градот му се викаше Фогор. Името на жената негова ѝ беше Метевеил, ќерка на Матраида, син Мезевев. Еве ги имињата на старешините Исавови, според племињата нивни, по народите нивни, по местата нивни: старешината Тамна, старешината Гола, старешината Јетер, старешината Оливема, старешината Ила, старешината Финон, старешината Кенез, старешината Теман, старешината Мазар, старешината Магедил, старешината Зафој. Тоа се Едомски старешини според населбите во нивната земја. Исав им беше татко на Едомците. Јаков живееше во земјата, во која беше придојден неговиот татко Исак, во земјата Хананска. Еве го животот на Јакова: кога беше на седумнаесетгодишна возраст Јосиф го пасеше добитокот на татка си со браќата свои, со синовите на Вала и со синовите на Зелфа, жените на неговиот татко. Јосиф му носеше лоши гласови на татка си за нив. А Јаков го сакаше Јосифа многу повеќе од сите синови свои, зашто му се роди под староста, и му направи шарена облека. А браќата, гледајќи дека таткото нивни го сака многу повеќе од сите синови свои, го замразија, така што не можеа убав збор да му кажат. Притоа Јосиф сони сон и им го раскажа на браќата свои. И им рече: »Чујте го сонот што го сонив – врзуваме снопја во полето, и одеднаш мојот сноп се исправи, и застана прав, а вашите снопови се распоредија наоколу и му се поклонија на снопот мој.« Тогаш браќата му рекоа: »Да не би ќе станеш уште цар наш и да ни заповедаш?« Затоа уште повеќе го замразија, поради соништата негови и поради зборовите негови. Потоа тој сони и втор сон, и им го раскажа на татка си и на браќата свои, велејќи: »Видов и уште еден сон, а тоа – сонцето и месечината и единаесетте ѕвезди ми се клањаа.« Но татко му го прекори и рече: »Каков е тој сон што си го сонил? Зар јас и мајката твоја, и браќата твои, ќе дојдеме тебе да ти се поклониме доземи?« И му позавидоа браќата негови; но таткото негов ги чуваше тие зборови. Еднаш браќата негови отидоа да ги пасат стадата на таткото нивни кај Сихем. Тогаш Израил му рече на Јосифа: »Браќата твои не го пасат ли доботокот кај Сихем? Ајде да те испратам при нив.« А тој рече: »Добро, одам.« И уште му рече Израил: »Отиди и види како се браќата твои и како е добитокот, па јави ми.« И го испрати од долината Хевронска; и тој отиде во Сихем. И човек еден го најде како скита по полето, па го запраша, велејќи му: »Што бараш?« А тој одговори: »Ги барам браќата мои; кажи ми, те молам, каде го пасат добитокот?« А човекот рече: »Тие си заминаа одовде, зашто чув како велат – ајде да одиме во Дотаим.« И отиде Јосиф по браќата свои, и ги најде во Дотаим. А тие го видоа оддалеку; и, пред да им се приближи, почнаа да се договараат за да го убијат. И си рекоа помеѓу себе: »Ене оној што сонува, иде. Ајде сега да го убиеме и да го фрлиме во некоја од овие јами, па ќе речеме – лута ѕверка го изеде. Тогаш ќе видиме што ќе стане од неговите соништа.« Но, кога го чу тоа Рувим, се обиде да го спаси од рацете нивни, па рече: »Да не го убиваме!« И уште им рече Рувим: »Крв да не пролеваме; фрлете го во една од овите јами во пустињата, но не кревајте рака на него.« А тој сакаше да го спаси од рацете нивни и да го одведе кај татка му. И кога Јосиф дојде кај браќата свои, тие му ја соблекоа облеката шарена, што ја имаше на себе. И го фатија, па го фрлија во една јама; а јамата беше празна; немаше вода во неа. Потоа седнаа да јадат леб. И кревајќи ги очите, видоа Исмаилци како доаѓаат од Галад со камилите свои, натоварени со миризливи растенија, балсам и смирна; го пренесуваа тоа во Египет. Им рече Јуда на браќата свои: »Каква полза ќе имаме, ако го убиеме братот наш и ја сокриеме крвта негова? Ајде да им го продадеме на овие Исмаилци, па да не клаваме рака на него, зашто брат ни е, наша крв е.« И го послушаа браќата негови. Па кога трговците Мадијамски минуваа покрај нив, тие го извадија Јосифа од јамата и им го продадоа на Исмаилците за дваесет златници; а овие го одведоа Јосифа во Египет. А кога се врати Рувим кај јамата, Јосифа го немаше во јамата. Тогаш тој ја раскина облеката своја. И отиде кај браќата свои и рече: »Го нема момчето: а сега, каде да се денам јас?« Тогаш ја зедоа облеката Јосифова, и заклаа јаре, па ја натопија облеката со крв. И ја испратија шарената облека да се однесе на нивниот татко и да се рече: »Ја најдовме оваа облека, па види дали е тоа облеката на синот твој, или не?« А тој ја позна и рече: »Облеката е на мојот син, ѕверка лута го изела; Јосиф е, навистина, растргнат.« И ја раскина Јаков облеката своја, па се препаша со покајнички кострет околу себе; и тагуваше по синот свој многу дни. И се собраа сите синови негови и ќерки негови да го тешат; но тој не можеше да се утеши, туку велеше: »Со тага во адот ќе појдам по синот мој.« Така го оплакуваше таткото негов. А Мадијамците го продадоа Јосифа во Египет на Петефри, дворјанин на Фараонот, заповедник на стражата. А во тоа време Јуда се оддели од браќата свои, и се настани кај некој човек Одоламеец, по име Ирас. И таму ја виде Јуда ќерката на некој Хананеец, чие име беше Сава, и ја зеде и влезе при неа. Таа забремени, и роди син; и тој го нарече Ир. Одново зачна, и пак роди син, и нему му стави име Онан. И пак роди син, и го именува Силом. А Јуда беше во Хасафија, кога таа ги роди овие. И Јуда го ожени првородениот син свој Ир со девојката по име Тамара. Но Ир, првенецот Јудин, беше лош пред Господа, и Бог го погуби. Тогаш Јуда му рече на Онана: »Влези при вдовицата од братот твој, и ожени се со неа, за да го запазиш потомството на братот твој.« А Онан, знаејќи дека породот нема да биде негов, кога влегуваше при жената на братот свој, го истураше семето наземи, за да не му даде потомство на братот свој. Но тоа што го правеше, беше зло пред очите на Бога, па затоа и него го погуби. Тогаш Јуда, по смртта на обата свои синови, ѝ рече на Тамара, снаата своја: »Живеј како вдовица во куќата на таткото твој додека порасне синот мој.« Оти си велеше во себе да не умре и тој како браќата негови. И отиде Тамара, и живееше во куќата на својот татко. Измина многу време и умре ќерката на Сава, жената Јудина. А кога Јуда се утеши, појде во Тамна кај луѓето што му го стрижеа стадото, тој сам и неговиот пријател Ирас, Одоламеецот. И ѝ јавија на Тамара, снаата негова: »Ете, свекорот твој оди во Тамна да ги стриже овците свои.« А таа ја соблече од себе вдовичката облека и се облече во летна облека, си стави превез, па седна пред портата на Енаим, на патот за Тамна. Зашто виде, дека Силом беше пораснал, а неа уште не му ја даваа за жена. Кога ја виде Јуда, помисли дека е блудница, зашто таа го беше покрила лицето свое, и не ја позна. И тој се одби при неа и ѝ рече: »Дозволи ми да влезам при тебе!« Зашто не ја позна дека му е снаа. А таа рече: »Што ќе ми дадеш, ако влезеш при мене?« А тој одговори: »Ќе ти испратам јаре од стадото.« А таа му рече: »Но да ми дадеш залог, додека не го испратиш.« А тој рече: »Каков залог да ти дадам?« А таа му одговори: »Својот прстен, крпата и стапот што ти е во раката.« И тој ѝ ги даде, па влезе при неа; и таа зачна од него. Потоа таа стана и си отиде; ја сметна летната облека од себе и ја облече вдовичката облека. А Јуда испрати јаре по овчарот свој, Одоламеецот, за да си го поврати залогот од жената и тој не ја најде. Па ги праша луѓето од она место, велејќи: »Каде е блудницата што беше на распаќето во Енаим?« А тие одговорија: »Овде немаше блудница.« И тој се врати кај Јуда и рече: »Не ја најдов. Дури мештаните ми рекоа дека таму немало блудница.« А Јуда рече: »Нека си ги задржи, само да не ми се смеат; јас ѝ го испратив и јарето, но ти не ја најде.« А кога изминаа околу три месеци, му јавија на Јуда, велејќи: »Тамара, снаата твоја се оддала на блуд и, ете, бремена е од блуд.« А Јуда рече: »Изведете ја за да се запали!« А кога ја поведоа, таа прати на свекорот нејзин да му кажат: »Од човек, чие е она – сум зачнала.« Уште додаде: »Од оној, чиј е прстенов, крпава и стапов!« А Јуда ги препозна, па рече: »Таа е поправедна од мене, бидејќи не ја дадов на синот свој Силом.« И повеќе не влезе при неа. И кога дојде времето да роди, а тоа – близнаци во утробата нејзина. И кога се породуваше, едното дете ја покажа раката, а бабицата зеде и му врза црвен конец околу раката, велејќи: »Овој е првенец.« Но тоа ја повлече раката, и ете излезе неговото братче, а таа рече – како ја пресече обвивката, па пресек нека ти биде. И му ставија име Фарес. А потоа излезе неговото братче со црвен конец на раката. Нему му ставија име Зара. А Јосифа го одведоа во Египет. И Петефри, дворјанинот Фараонов, заповедник на стражата, Египтјанин, го купи од Исмаилците, кои го доведоа таму. И Господ беше со Јосифа, та затоа беше задоволен, и живееше во куќата од господарот свој, Египтјанинот. И господарот негов виде дека е Господ со него и дека сѐ што работеше тој, Господ правеше да успева во рацете негови. И Јосиф се здоби со милост кај овој господар, и му угодуваше. Најпосле го постави над целиот свој дом, и сѐ што имаше, го предаде во рацете негови. А кога го постави над домот свој и над сѐ што имаше, оттогаш Господ го благослови домот на Египтјанинот заради Јосифа; и благословот Господов беше над сѐ, што имаше во куќата и во полето негово. И остави во Јосифовите раце сѐ за што имаше, и не се грижеше веќе за друго, освен за лебот, што го јадеше сам. А Јосиф беше со убава става и со красиво лице. И се случи, по некое време, жената на господарот негов, да се загледа во Јосифа, и му рече: »Легни со мене!« А тој одби и ѝ рече на жената од господарот свој: »Ете, господарот мој не се грижи веќе за ништо што има во куќата, туку сѐ што имаше, ми го предаде мене во рацете. Ни самиот не е поголем од мене во својот дом; и тој ништо не ми забранил, освен тебе, зашто си му жена; па како јас да направам толку големо зло и да грешам пред Бога?« И така таа му зборуваше на Јосифа за тоа секој ден, но тој не ја послуша да легне со неа, ниту да се задржува кај неа. Се случи еден ден тој да дојде во куќата по своја работа, а таму дома да нема никого од домашните. Тогаш таа го фати за облеката и му рече: »Легни со мене!« Но тој, оставајќе ја облеката своја во рацете нејзини, избега и си отиде. А таа, кога виде дека тој ја остави во рацете нејзини облеката своја и избега, ги викна своите домашни, па им рече, велејќи: »Гледајте, ни довел човек Евреин за да нѐ срамоти. Дојде при мене и рече: ‚Легни со мене!‘ Но јас извикав на сиот глас. А тој, кога чу дека го подигнав гласот и извикав, ја остави облеката своја кај мене и избега, па си отиде.« И таа ја задржа облеката негова кај себе, додека си дојде господарот во домот свој. А тогаш и нему му ја кажа истата работа, велејќи: »Слугата Евреинот, што го доведе кај нас, дојде кај мене да ме срамоти и ми рече: ‚Да бидам со тебе!‘ Но кога чу дека подигнав глас и извикав, тој ја остави облеката своја кај мене и си избега.« Кога ги чу господарот негов зборовите на жената своја, која му рече: »Ова ми го направи слугата твој,« – се разгневи многу. И го фати господарот Јосифа, па го фрли в затвор, каде што лежеа затворениците царски. И тој остана таму, во затворот. Но Господ беше со Јосифа и излеа милост Своја над него и направи да му омили на старешината на затворската стража. И му ги довери началникот на затворската стража на Јосифа сите затвореници во затворот; и сѐ што требаше да се сврши, тој го вршеше. И старешината на затоврот не надгледуваше ништо: сѐ беше во Јосифовите раце, зашто Господ беше со него; и сѐ што правеше, Господ делуваше да успева во рацете негови. Потоа се случи, пехарникот на царот египетски и лебарот да му згрешат на господарот свој, царот египетски. И Фараонот се разгневи над тие двајца дворјани, на старешината над пехарниците и на старешината над лебарите, па ги стави под стража во куќата на заповедникот на стражата, каде што Јосиф беше затвореник. А заповедникот на стражата ги предаде на Јосифа тој да ги пази. И останаа тие таму некое време. И обајцата сонија сон во иста ноќ, секој по значењето на својот сон за себе, и пехарникот и лебарот на царот египетски, кои беа затворени во темницата. А утредента, кога дојде Јосиф кај нив, ги виде, а тие беа невесели. Па ги запраша дворјаните Фараонови, кои беа под стража заедно со него во куќата на господарот негов, и рече: »Што ви се денес лицата толку нажалени?« А тие му одговорија: »Обајцата сонивме сон, а нема кој да ни го протолкува.« Јосиф им рече: »Што значат, не ли е тоа во Бога? Раскажете ми ги!« И старешината над пехарниците му го раскажа сонот свој на Јосифа, велејќи »Ете, пред мене лоза, на лозата имаше три прачки; и таа запупи и расцути, врза грозје, кое узреа; а во раката ми беше чашата Фараонова, зедов еден грозд, го истискав во Фараоновата чаша и му ја дадов чашата на Фараонот в рака.« Јосиф му рече: »Еве го значењето: трите прачки лозови се три дена. По три дена Фараонот ќе те помилува и пак ќе те постави на поранешната служба; и одново ќе му ја подаваш чашата во раката негова како и порано, кога му беше пехарник. Но, кога ќе ти биде добро, сети се на мене и направи ми добро; спомни му на Фараонот за мене и изведи ме од оваа тврдина; оти ме украдоа од земјата Еврејска; а и овде ништо лошо не сум направил, за да бидам фрлен во затвор.« А кога виде старешината над лебарите колку добро му го протолкува сонот, му рече на Јосифа: »И јас сонив: и тоа – на главата моја три кошници леб; во најгорната кошница имаше сѐ што јаде Фараонот, што го прават пекарите; и птици небески колваа од кошницата над мојата глава.« А Јосиф одговори и рече: »Тоа значи – три кошници се три дена. По три дена Фараонот ќе ти ја земе главата и ќе те обеси на дрво, а птиците ќе колваат од телото твое.« И кога дојде третиот ден, а тоа беше денот во кој се родил Фараонот, тој им приреди гозба на своите слуги, па се сети на старешината над пехарниците и на старешината над лебарите помеѓу слугите свои; И го врати старешината над пехарниците на поранешната служба, за да му ја подава чашата на Фараонот, додека старешината над лебарите го обеси на дрво, како што беше рекол Јосиф. Но старешината над пехарниците не си спомна за Јосифа, туку го заборави. А по две години сони сон Фараонот – како стои крај една река. И одеднаш – од реката излегоа седум убави и дебели крави, па почнаа да пасат на брегот; а по нив, потоа, од реката излегоа други седум крави, грди и слаби и пасеа со другите крави на брегот. И седумте грди и слаби крави ги изедоа оние седум убави и дебели крави, и не се познаваше дека ги изеле. Тогаш се разбуди Фараонот. Потоа видел втор сон, а тоа – седум класја израснале од едно стебло, јадри и убави; а по нив израснале седум празни, исушени од ветар. Потоа празните и исушените класја ги изеле седумте големи и јадри класја. Тогаш Фараонот се разбуди, но тоа било сон. Утредента беше тој вознемирен во душата, та нареди, и беа повикани сите гаталци египетски и сите мудреци. И Фараонот им раскажа што сонил, но никој не се најде да го протолкува сонот на Фараонот. Тогаш му проговори на Фараонот главниот пехарник и рече: »Денес се сетив за гревот мој. Кога Фараонот се налути на слугите свои и нѐ фрли в затвор во куќата на заповедникот стражарски, мене и старешината над лебарите, сонувавме во иста ноќ јас и тој, но секој од нас свој сон видовме по своето значење. А таму со нас беше еден млад Евреин, слуга на заповедникот на стражата; ние му ги раскажавме соништата наши, а тој на секого од нас му го протолкува сонот. И како што ни кажа, така и стана: мене ме врати Фараонот на мојата служба, а оној другиот беше обесен.« Тогаш Фараонот нареди, та го повикаа Јосифа, и брзо го изведоа од затворот, а тој се острига и се преоблече, па излезе пред Фараонот. А Фараонот му рече на Јосифа: »Сонив сон, а никој не може да ми каже што значи: а за тебе слушам умееш да толкуваш соништа.« Јосиф му одговори на Фараонот и рече: »Без Бога не може да му се даде на Фараонот точен одговор.« И му рече фараонот на Јосифа, велејќи: »Сонив, како стојам крај брегот на една река; и одеднаш – од реката излегоа седум дебели и убави крави, па почнаа да пасат по брегот; и ете, по нив други седум крави излегоа, многу грди и слаби во телото, какви што не сум видел полоши во целата земја Египетска, толку грди крави. И оние крави, слаби и грди, ги изедоа оние седум дебели. А кога им беа во стомакот, не се познаваше дека им се во стомакот, туку пак беа така грди како порано. Тогаш се разбудив. Па пак сонив, а тоа – седум класја израснаа од едно стебло, јадри и убави; а по нив израснаа седум тенки и празни класја, исушени од ветар. И седумте празни класја исушени од ветрот ги проголтаа седумте јадри и убави класја. И сево ова им го раскажав на гаталците, но ниеден не знаеше да ми објасни.« А Јосиф му рече на Фараонот: »Сонот Фараонот е еден: Господ му јавува на Фараонот, што ќе прави. Седумте убави крави се седум години, и седумте убави класја се пак седум години; и обата сона Фараонови се еден сон. Седумте слаби и грди крави, кои излегоа по оние, се седум години; и седумте класја празни и истенчени од ветар се седум години; ќе има седум години глад. Тоа е она што веќе му го реков на Фараонот: Бог му кажува на Фараонот што ќе прави. Ете, ќе дојдат седум години многу родни по целата земја Египетска; а по нив ќе настапат седум години гладни; ќе се заборави сето она изобилство во земјата Египетска, и глад ќе ја сотре земјата. Кога ќе се појави гладта, нема да се знае дека во земјата порано имало изобилие – поради гладот – што ќе дојде, оти ќе биде многу голем. А тоа, што Фараонот сонил двапати едноподруго, значи дека Божјиот збор е вистински и дека Бог наскоро ќе го направи тоа. А сега Фараонот нека побара човек мудар и разумен, па да го постави над земјата Египетска. И нека заповеда Фараонот да бидат поставени старешини по земјата, па да собираат петина од сите жетви по земјата Египетска во текот на седумте родни години; нека собираат тие секаква зрнена храна во седумте родни години што доаѓаат; житото да го собираат во градовите со овластување од Фараонот и храната во градовите да се чува. И таа храна да биде запазена за седумте гладни години што ќе настапат во земјата египетска, за да не пропадне земјата од глад.« Неговиот одговор му се свиде на Фараонот и на сите слуги негови. Па им рече Фараонот на слугите свои: »Зар можеме да најдеме чевек, како што е овој, во кого има дух Божји?« И му рече Фараонот на Јосифа: »Бидејќи Бог тебе ти го откри сево ова, тоа нема човек толку мудар и поразумен како што си ти. Ти ќе бидеш над домот мој, и целиот народ мој ќе го слуша зборот твој; само со престолот ќе бидам поголем од тебе.« И уште му рече Фараонот на Јосифа: »Еве, те поставувам денес тебе над целата земја Египетска.« И го извади Фараонот прстенот од раката своја и му го стави на Јосифа на рака, и го облече во облека, од најфина ткаенина, и му стави златна веришка околу вратот. И заповеда да го возат во неговата втора кола, а гласник пред него да извикува; »Абрек! (Поклонувајте се!)« И го постави над целата земја Египетска. И уште му рече Фараонот на Јосифа: »Јас сум Фараон, но без тебе никој нема да крене рака, ни нога во целата земја Египетска.« И го нарече Фараонот Јосифа Пеонтомфаних; и го ожени со Асенета, ќерката на Петефри, илиополски жрец. А Јосиф имаше триесет години, кога се претстави пред Фараонот, царот египетски. И, откако отиде од Фараонот, тој ја обиколи целата земја Египетска. И за седум родни години земјата роди во изобилство. И собираше Јосиф за тие седум години секаков вид жито, што го даваше земјата Египетска, и го носеше житото во градовите; во секој град го носеше житото од околните ниви. Така насобра Јосиф многу жито, колку што е песокта морска, така што престанаа да го мерат, зашто немаше број. А пред да настанат гладните години, му се родија на Јосифа два сина, кои му ги роди Асенета, ќерката на Петефри, жрецот илиополски. И на првородениот Јосиф му стави име Манасија, велејќи: »Оти Бог ми направи да ги заборавам несреќите мои и целиот дом на мојот татко.« А вториот го нарече Ефрем, велејќи: »Бидејќи Бог ме направи плоден во земјата на маките мои.« Но изминаа седумте родни години во земјата Египетска, и настапија седумте гладни години, како што беше рекол Јосиф. И настана глад по сите земји, а во целата земја Египетска имаше леб. Но, кога почна да гладува и земјата египетска, народот му записка на Фараонот за леб. А Фараонот им рече на сите Египтјани: »Одете кај Јосифа, па како што ќе каже тој, така правете.« А кога гладот се прошири во целата земја, ги отвори Јосиф сите житници и почна да им продава на Египтјаните жито, оти гладот стана жесток и во земјата Египетска. И од сите земји доаѓаа во Египет, да купуваат жито од Јосифа, бидејќи настана голем глад насекаде. Кога Јаков чу дека во Египет има жито, им рече на синовите свои: »Што чекате?« И им рече: »Ете, слушам дека во Египет има жито; одете таму и купете ни жито, за да останеме живи и да не умреме.« И десетмината браќа Јосифови отидоа во Египет да купат жито. А Венијамина, братот Јосифов, Јаков не го пушти со браќата негови, велејќи: »За да не го снајде по патот некоја несреќа.« И дојдоа синовите Израилеви да купат жито заедно со другите што доаѓаа, бидејќи и во земјата Хананска владееше глад. А Јосиф беше управител во земјата; тој и му продаваше жито на сиот народ од таа замја. И браќата Јосифови, кога дојдоа, му се поклонија со лицето доземи. А Јосиф, штом ги виде браќата свои, ги позна; но се држеше настрана од нив, и остро им проговори и рече: »Од каде сте дојдени?« А тие одговорија: »Од земјата Хананска, да купиме храна.« Јосиф, пак, ги позна браќата свои, но тие него не го познаа. И се сети Јосиф за соништата, што ги беше сонил за нив, па им рече: »Вие сте разузнавачи. Сте дошле да ги извидите слабите места на оваа земја.« А тие му рекоа: »Не сме, господару, туку слуги твои, што дошле да купат храна; сите сме синови на еден човек, чесни луѓе сме; слугите твои никогаш не биле разузнавачи.« Тој, пак, им рече: »Не, туку сте дошле да извидите каде е слабоста на оваа земја.« А тие рекоа: »Ние бевме дванаесет браќа, слугите твои, синови на еден човек во земјата хананска; и, ене, најмалиот денес е со таткото наш, едниот го нема веќе.« Тогаш Јосиф им дофрли: »Ви реков јас – вие сте разузнавачи. Туку вака сакам да се уверам: Се колнам во животот на Фараонот, дека вие нема да излезете одовде, ако не дојде ваму најмалиот брат ваш. Испратете еден од вас, и тој нека го доведе вашиот брат; а вие ќе бидете задржани овде додека не видам дали е вистина тоа што го велите; инаку сте разузнавачи, жими животот на Фараонот.« И ги стави под стража за три дена. А на третиот ден им рече: »Ако сакате да останете живи, еве што ќе направите, зашто јас се плашам од Бога: ако сте чесни луѓе, еден брат од вас нека остане овде под стража, а вие одете и однесете го купеното жито колку што им треба на вашите семејства. А потоа доведете го кај мене најмалиот брат ваш, за да се потврдат зборовите ваши. Ако ли не, ќе загинете.« И тие постапија така. И си рекоа еден на друг: »Тешко нам! Ова е казната поради братот наш; не ја почувствувавме маката на душата негова кога ни се молеше, но ние се оглушивме. О затоа и нѐ снајде ова зло.« А Рувим им одговори, велејќи: »Зар не ви реков јас – не грешете му на детето? Но вие не ме послушавте; и, еве, сега од нас се бара крвта негова.« А тие не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто се него разговараа преку преведувач. Тогаш Јосиф се оддели од нив и заплака. Потоа пак се врати при нив, и проговори со нив, па земајќи го од нив Симеона, го врза пред очите нивни. И заповеда Јосиф да им ги наполнат вреќите нивни со жито, а парите, кој колку што дал, да им ги вратат секому во вреќата, и да им дадат храна за по пат. И така беше направено. Па, откако го натоварија житото на ослите свои, си заминаа оттаму. А еден од нив, кога ноќеваа, ја отвори вреќата, за да го нахрани ослето свое, и ги виде парите свои одозгора во вреќата; им рече на браќата свои: »Јас ги добив парите мои назад, еве ги во мојава вреќа.« И затрепери срцето во нив. Се уплашија и си рекоа: »Што ни го направи Бог ова!« И, откако дојдоа кај Јакова, таткото нивни, во земјата Хананска, му раскажаа за сѐ, што им се случи, велејќи: »Остро зборуваше со нас човекот, што заповеда во таа земја, и нѐ задржа в затвор како разузнавачи. А ние му рековма дека сме чесни луѓе, никогаш не сме биле разузнавачи. Дванаесет браќа сме синови на нашиот татко; едниот веќе го нема, а најмалиот е денес со таткото наш, во земјата Хананска. Но човекот што заповеда во таа земја, ни рече: ‚Вака ќе дознаам дали сте чесни луѓе. Еден од браќата нека остане овде кај мене, а вие купеното жито земете го и одете си. А потоа доведете го при мене братот ваш најмал, за да се уверам дека не сте разузнавачи, туку чесни луѓе. Тогаш братот ваш ќе ви го пуштам, и ќе можете да тргувате во оваа земја.‘« И празнејќи ги вреќите свои, за чудо, секој си го најде во вреќата своето ќесе со парите негови. Кога ги видоа ќесињата со парите нивни, тие и таткото нивни се уплашија. И им рече Јаков, нивниот татко: »Децата ми ги запустивте; Јосифа го нема, го нема и Симеона, па и Венијамина ли ќе ми го земете? Сето ова на мене се струпа.« Тогаш проговори Рувим и му рече на таткото свој: »Двата мои сина уби ги, ако не ти го доведам; дај го во мои раце, и јас ќе ти го вратам.« А тој рече: »Нема да појде син ми со вас, зашто брат му негов умре и тој остана сам; па, ако се случи некоја несреќа на патот, по кој ќе одите, стар ќе ме турнете со тага в гроб.« Но гладот се зголемуваше во таа земја. А кога го изедоа житото, што го беа донеле од Египет, таткото нивни им рече: »Одете пак и купете ни малку храна.« Јуда му проговори и рече: »Оној човек јасно ни рече ‚Да не се јавувате пред лицето мое, ако вашиот помал брат не дојде со вас.‘ Ако ги пуштиш со нас братот наш, ќе одиме и ќе ти купиме храна. Ако, пак, не го пуштиш, тогаш нема да одиме, оти оној човек ни рече – ‚Нема да го видите лицето мое, ако вашиот брат не биде со вас‘.« Но Израил рече: »Зошто ми направивте такво зло и му рековте на човекот дека имате уште еден брат?« А тие одговорија: »Човекот подробно се распрашуваше за нас и за родот наш, велејќи: ‚Дали е уште жив таткото ваш? Имате ли уште браќа?‘ И ние му одговоривме како што нѐ прашуваше. Можевме ли да знаеме дека ќе рече: ‚Доведете го братот ваш!‘« А Јуда му рече на Израила, таткото свој: »Пушти го малиот со мене, па ќе се кренеме и ќе отидеме за да останеме живи, и да не изумреме ни ние, ниту ти, ни нашите деца. Јас ќе одговарам за него, од моја рака ќе го бараш. Ако не ти го доведам и не го претставам пред тебе, ќе бидам виновен пред тебе до крајот на мојот живот. Да не се двоумеше толку, веќе досега можеби двапати ќе се вратевме.« Тогаш Израил, таткото нивни, рече: »Ако е така, еве што ќе направите – земете плодови од оваа земја, и ставете ги во вашите вреќи, па однесете му ги како подарок на оној човек; малку балсам, малку мед, темјан, зачини, мирилива смола, па и ореви и бадеми. А пари, со себе земете двојно повеќе, оти ќе треба да ги вратите парите, што ги најдовте под грлата на вашите враќи; можеби е грешка. Земете го и братот ваш, па станете и одете пак кај оној човек. А семоќниот Бог да ви даде да најдете милост кај оној човек, па да ви го пушти и другиот ваш брат, и Венијамина. А јас, пак, ако треба веќе да останам без деца, па нека останам.« Тогаш тие ги зедоа подароците и пари двојно повеќе, го зедоа и Венијамина, па станаа и отидоа во Египет и излегоа пред Јосифа. А Јосиф кога го виде со нив и Венијамина, својот едноутробен брат, му рече на човекот што управуваше со куќата негова: »Одведи ги овие луѓе дома, па заколи нешто од добитокот и зготви го, оти тие на пладне со мене ќе ручаат.« И направи човекот така како што му рече Јосиф, и ги одведе луѓето во домот Јосифов. А тие луѓе се уплашија, кога човекот ги водеше во домот Јосифов, и рекоа: »Заради парите, што се најдоа порано во вреќите наши, нѐ водат, додека не смислат нешто, па да нѐ обвинат, за да нѐ заробат нас и ослите наши.« И му пристапија на човекот, што управуваше со домот Јосифов, и му проговорија пред вратата на куќата и рекоа: »Чуј нѐ, господару! Ние и порано бевме овде, за да купиме храна. Но кога бевме на ноќевање, ги отворивме вреќите, а тоа – парите на секого од нас беа одозгора во вреќите наши; и еве во иста количина ги враќаме со свои раце, а и други пари донесовме, да купиме храна; ние не знаеме кој ни ги стави парите наши во вреќите.« А тој одговори: »Бидете спокојни, не плашете се, вашиот Бог и Бог на таткото ваш го ставил среброто во вреќите ваши; парите ваши стигнаа при мене.« И им го изведе Симеона. И ги воведе човекот во домот Јосифов и им донесе вода, за да ги измијат нозете; а им даде и храна за ослите нивни. И ги приготвија подароците, чекајќи дури да дојде Јосиф на пладне, оти чуја дека тука ќе ручаат. А кога дојде Јосиф дома, му ги изнесоа подароците, што ги имаа при себе, и му се поклонија доземи. Потоа тој ги праша за здравјето и рече: »Добар ли е вашиот татко, за кого ми зборувавте? Жив ли е уште?« А тие одговорија: »Жив е слугата твој, нашиот татко, и здрав е.« Па се наведнаа и му се поклонија. Кога ги подигна Јосиф очите свои, го виде братот свој, Венијамина, едноутробниот брат свој, и рече: »Овој ли е најмалиот брат ваш, за кого ми рековте дека ќе ми го доведете?« И додаде: »Бог нека те милува синко!« Тогаш Јосиф побрза надвор, оти срцето му се беше возбудило поради братот негов. Му дојде да заплаче, па влезе во една соба и таму плачеше. Потоа се изми и излезе, и воздржувајќи се рече: »Принесете јадење!« И му донесоа, нему посебно, ним одделно, и на Египтјаните посебно, што ручаа кај него, зашто Египтјаните не можат да јадат со Евреите, оти тоа би им било неугодно на Египтјаните. И седнаа тие пред него, постарите според возраста нивна, а помладите според младоста нивна, па се погледаа, чудејќи се. И нареди тој по дел од јадењата што беа пред него, да ги носат пред нив, а делот на Венијамина беше петпати поголем од делот на секого од нив. И пиеја и се нагостија со него. Потоа му заповеда Јосиф на домоуправителот свој, велејќи: »Наполнете им ги на овие луѓе вреќите со жито, колку што можат да носат, и на секого во отворот на вреќата ставете им ги парите нивни; а чашата моја сребрена ставете му ја на најмалиот во вреќата, и парите негови за купеното жито!« И тој направи така, како што му рече Јосиф. А утредента, на осамнување, ги испратија луѓето со ослите нивни. Уште не беа изминале многу пат од градот, му рече Јосиф на човекот, кој управуваше со домот негов: »Стани, оди брзо по оние луѓе, а, кога ќе ги стигнеш, кажи им: ‚Зошто враќате зло за добро‘. Не е ли тоа чашата, со која пие мојот господар? И нема ли секако по неа да познае какви сте. Лоша направивте со тоа.« И тој ги стигна, и им ги рече овие зборови. А тие му одговорија: »Зошто зборуваш, господару, такви зборови? Не, слугите твои такво нешто не можат да направат. Дури и парите, што ги најдовме при отворот на вреќите, ги донесовме од земјата Хананска, па како можевме да украдеме од куќата на господарот твој сребро или злато? А при кого од слугите твои ќе се најде чашата, тој нека загине; а ние, пак, ќе му бидеме робови на господарот наш.« А тој, пак, рече: »Нека биде така, како што рековте; но во кого ќе се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие другите нема да бидете виновни.« И тие брзо ги симнаа вреќите свои, и ги одврзаа секој својата вреќа. А тој почна да бара, почнувајќи од најстариот, и кога дојде до најмалиот, и се најде чашата во вреќата Венијаминова. Тогаш ја раскинаа облеката своја, па го натоварија секој товарот на својот осел, и се вратија во градот. И влезе Јуда со браќата свои во домот на Јосифа, кој беше сѐ уште дома, и паднаа пред него на коленици. А Јосиф им рече: »Што направивте? Зар не знаевте дека човек, каков што сум јас, погодува и секако ќе може да разбере?« Тогаш рече Јуда: »Што да одговориме, господару наш? Што да кажеме или со што да се оправдаме? Бог ја откри неправдата на твоите слуги. Еве, ние сме сите робови твои, господару, и ние и овој, во кого се најде чашата!« Но Јосиф одговори: »Не, јас не го сакам тоа; кај кого се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие одете си со здравје кај таткото ваш.« Но Јуда пристапи до него и рече: »Господару, дозволи да проговори слугата твој пред тебе и гневот твој нека не се истури на слугата твој, зашто ти си по Фараонот. Господарот мој ги праша слугите свои влејќи: ‚Имате ли татко или брат?‘ А ние му рековме на господарот наш: ‚Имаме стар татко и најмал брат, кој му се роди во староста; а неговиот брат умре, и тој остана сам од мајката своја, и таткото многу го сака!‘ А ти им рече на слугите твои: ‚Доведете го кај мене да го видат моите очи.‘ И ние му рековме на господарот: ‚Не ќе може детето да го остави таткото свој; ако го остави татка си свој, тој веднаш ќе умре.‘ А ти им рече на слугите твои: ‚Ако не дојде со вас братот ваш најмал, нема повеќе да го видите лицето мое.‘ Па, кога се вративме кај слугата твој, а таткото наш, му ги кажавме зборовите на господарот наш. Потоа ни рече таткото наш: ‚Одете пак, купете ни малку храна.‘ А ние рековме: ‚Не можеме да одиме; но, ако дојде со нас братот наш најмал, тогаш ќе одиме, зашто не можеме да го видиме лицето на оној човек, ако со нас не биде нашиот најмал брат.‘ А и слугата твој, таткото наш, ни рече: ‚Знаете дека жената моја ми роди два сина. А еден од нив отиде од мене, и рековте – »Сигурно е растргнат«, и јас досега не го видов. Ако и овој го земете од мене, па го снајде некоја невола по патот, ќе ме турнете вака стар со тага в гроб.‘ И сега, ако отидам кај слугата твој, таткото наш, а ова дете да не биде со нас, бидејќи душата негова е сврзана за душата на овој, и кога ќе види дека го нема детето, ќе умре; и слугите твои ќе го турнат стариот слуга твој, а таткото наш, со тага в гроб. А твојот слуга ја зеде одговорноста за детето пред таткото наш, велејќи: ‚Ако не ти го доведам и не го претставам пред тебе, нека бидам виновен пред таткото свој довека.‘ Затоа јас, слугата твој, нека останам место детето, да му бидам роб на господарот мој, а детето нека си оди со браќата свои. Оти, како ќе се вратам кај таткото свој, детето да не е со мене? Не би можел да ја гледам тагата, што ќе го снајде мојот татко.« Тогаш Јосиф, не можејќи повеќе да се воздржи пред оние кои стоеја околу него, извика: »Отстранете ги сите од мене.« И така никој не остана при Јосифа кога им се откри на браќата свои. Па заплака силно, така што чуја Египтјаните, а се чу и во домот на Фараонот. И им рече Јосиф на браќата свои: »Јас сум Јосиф! Дали е уште жив татко ми?« Но браќата не можеа да му одговорат, бидејќи се смутија пред него. Но Јосиф им рече на браќата свои: »Дојдете поблизу до мене!« И тие пристапија; а тој им рече: »Јас сум Јосиф, братот ваш, кого го продадовте во Египет. А сега, пак, не жалостете се ниту да жалите што ме продадовте ваму, оти Бог ме прати мене пред вас, за да го запази животот ваш. Оти има веќе две години, откако настапи глад на земјата, а уште пет години остануваат, во кои ќе нема ни орање, ниту жетва. Затоа Бог ме прати пред вас, за да ве зачува на земјата, а и да ви го запази животот со големо избавување. И така, не ме пративте вие ваму, туку Бог. Кој ме постави како татко на Фараонот и господар на целиот дом негов и кнез над целата земја Египетска. Вратете се брзо кај таткото мој и кажете му: ‚Вака вели синот твој Јосиф – Бог ме постави за господар над целиот Египет; дојди при мене, не одлагај. Ќе живееш во земјата Гесем Арабиски и ќе бидеш близу до мене, ти и синовите твои, и внуците твои, и овците твои, и воловите и сѐ што е твое. А јас ќе се грижам ваму за прехраната твоја, зашто глад ќе има на земјата уште пет години, та да не загинеш ти, и синовите твои, и сѐ, што е твое.‘ И ете, гледате со очите ваши, и братот мој Венијамин со свои очи гледа, дека мојата уста ова ви го зборува. Раскажете му на таткото мој за сета слава моја во Египет и за сѐ што видовте, па поскоро доведете го ваму таткото мој.« Потоа го прегрна братот свој Венијамина и плачеше над него. А и Венијамин плачеше, над братот негов. И ги целива сите браќа свои и плачеше над нив, прегрнувајќи ги. Потоа неговите браќа разговараа со него. Тогаш глас се пренесе во домот на Фараонот, дека пристигнале браќата на Јосифа. И се зарадува Фараонот и слугите на неговите дворјани. И му рече Фараонот на Јосифа: »Кажи им на браќата твои – еве што ќе направите: ‚Натоварете ги ослите ваши, и вратете се во земјата Хананска. Па земете го таткото ваш и сѐ што е ваше и дојдете кај мене, и ќе ви ја дадам најубавата земја што ја има во Египет, и така вие ќе живеете во изобилие во оваа земја.‘ А тебе, пак, ти заповедам да им кажеш – Вака направете: ‚Земете со себе од земјата Египетска коли за децата ваши и за жените ваши, и поведете го таткото ваш, и дојдете ваму. И немојте да жалите за покуќнината ваша, зашто сѐ, што е најубаво во земјата египетска, ќе биде ваше.‘« И синовите Израилеви така постапија. А Јосиф им даде коли, по наредба на Фараонот; им даде и храна за по пат. И на секого им даде по две облеки, а на Венијамина му даде триста сребреници и пет промени. А и на татка си свој му испрати десет осли, натоварени со најубави работи, што имаше во Египет, и десет ослици, натоварени со жито и храна на татка му за по пат. Тогаш ги испрати браќата свои, и тие тргнаа; а им порача: »Немојте да се карате патем!« И така тие излегоа од Египет, и стигнаа во земјата Хананска кај Јакова, таткото нивни. И му раскажаа сѐ, велејќи: »Јосиф, синот твој е жив, и тој е господар над целата земја Египетска.« А неговото срце се смути, зашто не им веруваше. Но, кога му раскажаа за сѐ, што им беше рекол Јосиф, и кога ги виде колите, што му ги беше испратил Јосиф, за да го земат, тогаш оживе духот на Јакова, таткото нивни. И рече Израил: »Доволно е што е жив синот мој Јосиф; ќе појдам да го видам, пред да умрам.« И тргна Израил со сѐ што имаше, па, откако дојде во Вирсавија, Му принесе жртва на Бога од таткото свој Исака. И му рече Бог на Израила ноќе во видение; »Јакове! Јакове!« А тој одговори: »Еве ме!« Тогаш Бог му рече: »Јас сум Бог, Бог на таткото твој. Не плаши се да слезеш во Египет, оти таму ќе направам од тебе голем народ. Јас ќе слезам со тебе во Египет, и Јас пак ќе те вратам ваму; и Јосиф ќе ги заклопи очите твои.« И тргна Јаков од Вирсавија; и синовите Израилеви го сместија Јакова, таткото свој, и децата свои, и жените свои и имотот свој во колите, што беше им ги пратил Јосиф, за да го доведат. И го зедоа доботокот свој и имотот свој, што го беа спечалиле во земјата Хананска, и дојдоа во Египет – Јаков и сиот негов род заедно со него. Тој ги доведе со себе во Египет синовите свои и внуците свои, и ќерките свои и внуките свои, и целото свое потомство. А ова се имињата на децата Израилеви, кои дојдоа во Египет: Јаков и синовите негови. Првенецот на Јакова Рувим. Синовите Рувимови: Енох и Фалос, Асрон и Харми. Синовите Симеонови: Јемуил, Јамин, Аод, Јахим, Соар, и Саул, син на Хананејката. Синовите Левиеви: Гирсон, Кат и Мерариј. Синовите Јудини: Ир, Авнан, Силом, Фарес и Зара; но Ир и Авнан умреа во земјата Хананска. Синови Фаресови беа Есрон и Хамуил. Синови Исахарови: Тула, Фува, Јов и Симрон. Синови Завулонови: Серед, Алон и Ахоил. Тоа се синовите Лиини, што му ги роди на Јакова во Месопотамија Сириска, заедно со Дина, ќерката негова. Сите синови и ќерки негови беа триесет и три души. Синови Гадови: Сифон, Агиј, Суниј, Есвон, Ириј, Ародиј и Арилиј. Синови Асирови: Емна, Есва, Усвиј и Вериј – и сестрата нивна Сара. А синови на Вериј беа: Хевор и Мелхил. Тоа се синовите на Зелфа, која ѝ ја даде Лаван на Лија, ќерката своја; таа му роди на Јакова шеснаесет души. Синови, пак, на Рахил, жената на Јакова, беа: Јосиф и Венијамин. А на Јосифа во Египет му се родија од Асенета, ќерката на Петефриј, жрецот илиополски: Манасија и Ефрем. А синови Венијаминови беа: Вела, Вехер и Асвил; синови Велови: Гира, Наман, Ихиј, Рос, Упим, а Гира го роди Арад. Тоа се синовите на Јакова, што му го роди Рахил, – вкупно четиринаесет души. А син Данов: Асом. Синови Нефралимови: Асил, Гуниј, Есер и Силим. Тоа беа синови на Вала, која ѝ ја даде Лаван на ќеката своја Рахил; таа му роди на Јакова вкупно седум души. Сите, кои дојдоа со Јакова во Египет и кои беа излегле од бедрата негови, освен жените на синовите Јаковови, беа вкупно шеесет и шест души. И двајцата синови Јосифови, што му се родија во Египет; сите души, значи, во домот на Јакова, кои дојдоа во Египет, беа седумдесет. Израил го прати Јуда кај Јосифа пред себе, за да го сретне во сирискиот град – Гесем, во земјата Гесемска. Тогаш Јосиф ја впрегна колата своја, и му излезе во пресрет на Израила, таткото свој, во сирискиот град Гесем; и кога го виде Јаков, му се обеси околу вратот, и плачеше долго на вратот негов. Потоа Израил му рече на Јосифа; »Сега, бидејќи со свои очи видов, оти си жив, можам да умрам.« А Јосиф им рече на браќата свои – »Одам да му соопштам на Фараонот и ќе му речам: ‚Браќата мои и семејството на таткото мој, кои беа во земјата хананска, дојдоа кај мене. Тие се луѓе овчари; од секогаш се занимавале со сточарство; и ги доведоа со себе овците и говедата свои и сѐ што имаа.‘ А кога Фараонот ќе ве повика и ќе ве праша: ‚Каква работа работите,‘ вие кажете: ‚Овчари се слугите твои уште од младини па досега, и ние и татковците наши‘ – за да останете во земјата Гесем Арабиски. Оти Египтјаните сите овчари ги сметаат за нечисти.« И отиде Јосиф, па му јави на Фараонот, велејќи: »Таткото мој и браќата мои, со овците нивни и говедата нивни, и со сѐ што имаа, дојдоа од земјата Хананска; и, ете, тие се сега во земјата Гесемска.« И земајќи од браќата свои пет души – ги претстави пред Фараонот. А Фараонот им рече на браќата Јосифови: »Каква работа работите?« Тие му одговорија на Фараонот: »Овчари се слугите твои, и ние и нашите татковци, од детство па до сега.« И уште му рекоа на Фараонот: »Дојдовме да поживееме во оваа земја, зашто нема пасишта за доботокот на слугите твои, бидејќи голем глад завладеа во земјата Хананска; затоа дозволи им на слугите твои да се населат во земјат Гесем Арабиски.« А Фараонот му рече на Јосифа: »Таткото твој и браќата твои дојдоа при тебе; земјата Египетска е во твоја власт; насели ги на најдобро место: таткото твој и браќата твои; нека живеат во земјата Гесем; и, ако знаеш, дека меѓу нив има способни луѓе, постави ги за надгледници над мојот добиток.« Потоа го доведе Јосиф Јакова, таткото свој и го претстави пред Фараонот: Јаков го благослови Фараонот. А Фараонот го праша Јакова: »Колку години имаш?« Му одговори Јаков на Фараонот: »Деновите на мојот живот на земјата се сто и триесет; годините на мојот живот беа кратки и злочести и не ги достигнаа дните на татковците мои, колку што тие живееја.« Потоа се збогува со Фараонот и, откако го благослови, Јаков си отиде од него. А Јосиф ги насели и таткото свој и браќата свои и им даде најдобро место во сопственост во земјата Египетска во областа Рамзес како што беше заповедал Фараонот. И му даде Јосиф жито на таткото свој и на браќата свои, и на целиот татков дом, според бројот на членовите. Но жито немаше по целата земја, зашто гладот стана многу голем: се истошти земјата Египетска и земјата хананска од глад. И ги собра Јосиф сите пари што се наоѓаа во земјата египетска и во земјата Хананска, мерејќи им жито, што го купуваа, и ги однесе во домот Фараонов. И снема пари во земјата египетска и во земјата Хананска. Тогаш сите Египтјани почнаа да доаѓаат кај Јосифа и викаа: »Дај ни леб! Зошто да умираме пред тебе? Парите веќе свршија.« А Јосиф им велеше: »Дајте го доботокот свој, па ќе ви дадам леб за доботокот, штом парите сте ги потрошиле.« И го доведуваа добитокот свој кај Јосифа, а Јосиф им даваше жито за коњите, за овците, за воловите и за ослите. Така ги исхрани таа година со жито во замена за сиот добиток нивни. А кога помина таа година, почнаа пак да доаѓаат кај него и втората година, велејќи: »Зар да изгинеме пред господарот наш? Бидејќи парите наши свршија, а и добитокот и имотот што го имавме пред тебе, и кај господарот наш, па не ни остана веќе ништо да му донесеме на господарот наш, освен телата наши и нивите наши. За да не пропаднеме пред очите твои, купи нѐ нас и нивите наши за жито, па ние и земјата наша да му станеме робови на Фараонот. А ти дај ни семе, да сееме и да останеме живи и да не умреме, та и земјата да не запусти.« И така Јосиф ја купи за Фараонот сета земја во земјата Египетска, бидејќи сите Египтјани ја продадоа својата земја на Фараонот, зашто гладот ги притисна. И земјата стана Фараонова. А народот го пороби од едниот крај на Египет до другиот. Само не ги купи имотите на жреците, бидејќи Фараонот имотите им ги подарил, и тие се хранеа од давачки, што им ги определил Фараонот. Затоа тие не ја продадоа земјата своја. Јосиф, пак, им рече на сите Египтјани: »Ете, ве купив денес вас и нивите ваши за Фараонот. Па, еве ви семе, и посејте ги нивите. Но од родот една петина ќе му давате на Фараонот, а четирите дела нека останат за вас: за сеење на нивите и за прехрана ваша и на оние, кои се по домовите ваши.« А тие рекоа: »Ти ни го запази животот; нека најдеме милост пред господарот наш и да му бидеме робови на Фараонот.« И донесе Јосиф закон, кој е и денес во сила во земјата Египетска: петина му припаѓа на Фараонот, освен од земјата на жреците, што не стана Фараонова. А Израил се насели во земјата египетска, во областа Гесем, која ја држеше, и се изнародија и намножија многу. И поживе Јаков во земјата Египетска седумнаесет години; а деновите на Јакова броеја сто и четириесет и седум години А кога се наближи времето Израил да умре, го повика синот свој Јосифа и му рече: »Ако сум нашол милост пред тебе, стави ја раката твоја под бедрото мое, и направи ми милост и вети ми: немој да ме погребеш во Египет. Но за да почивам кај татковците мои, затоа пренеси ме од Египет горе и погреби ме во гробот нивни.« А тој рече: »Ќе направам како што велиш.« И му рече: »Заколни ми се!« И тој му се заколна. Тогаш Израил му се поклони врз перницата на постелата. Потоа му јавија на Јосифа: »Ене, татко ти е болен.« А тој ги поведе со себе двајцата синови свои, Манасија и Ефрема, и дојде кај Јакова. И го известија Јакова, велејќи му: »Ете, синот твој доаѓа при тебе.« А Израил собра сили и седна на постелата своја. И му рече Јаков на Јосифа: »Сесилниот мој Бог ми се јави мене во Луз, во земјата Хананска, ме благослови, и ми рече: ‚Ќе те направам плоден и многуброен; и ќе направам од тебе да произлезат многу народи, ќе ја дадам оваа земја и на твоето потомство по тебе во вечна сопственост.‘ А сега, двајцата синови твои, кои ти се родија во земјата Египетска, пред да дојдам во Египет, нека бидат мои: Ефрем и Манасија, како што ми се Рувим и Симеон. Децата, пак, кои ти се родија по нив, нека останат твои; а во наследството свое нека се викаат според имињата на браќата нивни. А кога се враќав од Месопотамија Сириска, умре мајка ти Рахил во земјата Хананска, по пат, близу до Ефрат, и јас ја погребав таму на патот за Ефрат, наречен сега Витлеем.« А, откога ги виде Израил синовите Јосифови, праша: »Кои се овие?« А Јосиф му рече на таткото свој: »Тоа се моите синови, кои ми ги даде Бог овде.« И рече Јаков: »Доведи ги при мене, да ги благословам.« Оти очите на Израил му беа ослабеле од староста, па не можеше добро да гледа. А кога му ги доведе, ги прегрна и ги целива. И му рече Израил на Јосифа: »Не се надевав дека ќе го видам лицето твое; но, ете, Бог ми ги покажа и децата твои.« Тогаш Јосиф ги истави од колената негови и му се поклони со лицето доземи. Па ги зеде Јосиф обајцата, Ефрема во својата десна рака, спроти левата на Израил, а Манасија во својата лева рака, спроти десната на Израил, и ги приближи до него. А Израил ја пружи десната рака своја и ја стави врз главата на Ефрема, иако тој беше помал, а левата врз главата на Манасија. Така ги вкрсти рацете нарочно, макар што Манасија беше првороден. И го благослови Јосифа, велејќи: »Бог, по чиј пат секогаш одеа пред него татковците мои Авраам и Исак, Бог, Кој ми беше Спасител, откако сум настанал па сѐ до денешен ден, Ангелот, Кој ме избавуваше од секое зло, нека ги благослови овие деца; со името мое и името на татковците мои, Авраама и Исака, по нив да се спомнува, и во мноштва многубројни на земјата да се намножат.« А на Јосифа му беше тешко кога виде дека татко му својата десна рака ја возложи врз главата на Ефрема. Па ја зеде татковата десна рака за да ја премести од главата Ефремова на главата Манасиева, и му рече Јосиф на татка си: »Не така, татко, оти оној е првенец; стави ја својата десна рака врз неговата глава.« Но такото не сакаше, туку рече: »Знам, синко, знам, и од него ќе излезе народ, и тој ќе биде голем; но помалиот брат ќе биде поголем од него, и од неговото семе ќе произлезе многуброен народ.« И ги благослови во оној ден и рече: »Преку вас ќе се благословува Израилот и ќе се вели: ‚Бог нека ти направи, како што му направи на Ефрема и на Манасија.‘« Така го постави Ефрема над Манасија. А потоа Израил му рече на Јосифа: »Еве, јас умирам; но Бог ќе биде со вас и ќе ве врати во земјата на татковците ваши. И јас ти давам еден дел повеќе отколку на браќата твои, од она што го зедов од рацете аморејски, со својот меч и со својот лак.« Потоа ги повика Јаков синовите свои и им рече: »Соберете се, за да ви соопштам однапред, што ќе се случи со вас во последните денови. Соберете се и послушајте ме, вие синовите на Јакова, послушајте го Израилот таткото ваш – Рувиме, сине мој првороден, ти си крепост моја и почеток на чедата мои; прв по достоинство и прв по сила. Ти бликаш како вода; нема да се издигнеш, зашто се качи на татковото легло, и ја оскверни постелата моја, на која се качи. Симеон и Левиј се браќа, но направија оружје на неправда. Во советувањата нивни да не влегува душата моја, и во собирот нивни да не учествува славата моја; бидејќи тие во гневот свој убија луѓе, а за своја веселба испокинаа жили на јунец. Проклет да е гневот нивни, оти е жесток, и лутината нивна, зашто е свирепа; ќе ги разделам во Јакова, и ќе ги растурам во Израилот. Јудо! Тебе ќе те фалат браќата твои, и рацете секогаш ќе ти бидат врз плеќите на непријателите твои; и тебе ќе ти се клањаат синовите на таткото твој. Јудо, лаве мој мал! Од грабеж се издигаш, сине мој. Се наведнуваш и легуваш како лав и лавица. Кој смее да те разбуди? Нема да недостасува кнез од Јуда, и водач од бедрата негови, сѐ дури не дојде Оној, Кому му припаѓа власта, и Он е надеж на народите. Тој го врзува за лоза оселот свој, и полето на неговата ослица за дебела прачка; во вино ја пере облеката своја, а во крв од грозје облеклото свое; очите му се повесели од вино и забите му се побели од млеко. Завулон ќе живее покрај море и при морско пристаниште, а границата ќе му биде до Сидон; Исахар го засака доброто, почивајќи меѓу огради; па, откако виде дека почивката е добра и дека е земјата плодна, ги сви рамењата свои под трудот и стана земјоделец. Дан ќе му суди на својот народ, како и на секое племе Израилево. Дан нека биде змија на пат што седи на раскрсница, која, штом го каснува коњот за нога, јавачот негов паѓа назад. чекајќи спасение од Господа. А Гад, него незгоди ќе го снајдат, но тој, одејќи им по трагите, ќе ги совлада. Кај Асира ќе има храна во изобилие, тој ќе им дава храна на кнезовите. Нефталим е како стебло разгрането, што развило убави гранки. Јосиф е син мој издигнат, син ревносен, син мој најмлад, свртен кон мене! Иако здоговорено те навредуваа, огорчуваа луто и иако силните ги управуваа стрелите во тебе, се сотреа со сила нивните лакови и ослабнаа мускулите на рацете нивни од силната рака на Јакова: така Израилот, таткото твој ојакна од Бога. И ти помогна мојот Бог и те благослови со благослов одозгора од небото, и со благослов од земјата, со благослов од сите гради, од сите утроби. Благословите на таткото твој и на мајката твоја ги надминаа благословите на старите планини и благословите на вечните ридови; тие нека се спуштат над главата Јосифова, избраниот меѓу браќата, над кои господареше. Венијамин е волк граблив, наутро јаде лов, а навечер го дели пленот.« Тоа се дванаесетте синови Јаковови, и тоа им го изговори таткото нивни, ги благослови: секого со благословот негов ги благослови. Потоа им рече: »Јас се прибирам при родот свој, погребете ме при татковците мои, во пештерата што е во нивата на Хетеецот Ефрон. Во пештерата, што се наоѓа во нивата Макпелска спроти Мамре, во земјата Хананска, која ја беше купил Авраам од Хетеецот Ефрон, за да има свој гробница. Таму ги погребаа Авраама и жената негова Сара, таму го погребаа и Исака и Ревека, жената негова, а таму ја погребаа и Лија; во сопствената нива и пештерата, што е во неа, која е купена од синовите Хетееви.« И престана Јаков да им говори на синовите свои, го повлече нозете во постелата, па умре – и се прибра кај предците свои. Тогаш Јосиф падна врз лицето од таткото свој, плака над него, и го целива. И им заповеда Јосиф на гробарите, кои беа во негова служба, да го погребат таткото негов; и гробарите го погребаа Израилот. И изминаа четириесет дена, зашто така се бројат деновите погребни, и го оплакуваше седумдесет дена. Штом изминаа деновите на жалоста, им рече Јосиф на големците Фараонови, велејќи: »Ако сум нашол милост пред вашите очи, зборувајте со Фараонот и речете му: ‚Таткото мој ме заколна пред да умре и ми рече: – Во гробот мој, што го ископав во земјата хананска, таму да ме погребеш.‘ – Па сега би сакал да одам и да го погребам таткото мој, а потоа ќе се вратам.« И му рекоа на Фараонот според зборовите Јосифови. А Фараонот му рече на Јосифа: »Оди и погреби го таткото твој, штом те заколнал.« Потоа отиде Јосиф да го погребе таткото свој. А со него појдоа и сите слуги Фараонови, старешини од земјата египетска, и целиот дом Јосифов и браќата негови, и целиот дом на таткото негов и роднините негови. Овците и говедата ги оставија во земјата Гесем. Со него тргнаа, исто така, коли и коњаници, толку многу, што претставуваа голема погребна придружба. А кога дојдоа во Горни Хатад, кој е од онаа страна на Јордан, заплакаа таму многу силно и жално. И Јосиф го оплакуваше својот татко седум дена. А луѓето од онаа земја хананска кога видоа плачење во Горни Хатад, рекоа: »Голема жалост имаат Египтјаните.« Затоа тоа место го нарекоа »Абел Мисраим«, односно, плач египетски: што е отаде Јордан. И му направија синовите негови онака, како што им беше заповедал; го однесоа синовите негови во земјата Хананска, и го погребаа во пештерата на нивата Макпела, што беше ја купил Авраам од Хетеецот Ефрон, спроти Мамре, за да има гробница. А Јосиф се врати во Египет, – тој и браќата негови, и сите, кои беа на погребението на неговиот татко. Кога видоа браќата Јосифови дека нивниот татко умре, си рекоа; »Да не би да си спомни Јосиф за нашата омраза, па да ни одмазди за сето зло, што му го направивме!« Затоа дојдоа и му рекоа на Јосифа: »Татко ти остави клетва пред да умре и рече – ‚Вака кажете му на Јосифа: Прости им ја на браќата твои неправдата и гревот нивни, што ти го направија.‘ И ете, сега прости им го гревот на слугите на татковиот Бог.« А Јосиф заплака, кога му го рекоа тоа. Потоа дојдоа пред него и рекоа: »Еве, ние сме слуги твои.« Јосиф им рече: »Не плашете се, бидејќи јас сум по Бога. Вие помисливте лошо за мене, но Бог тоа го обрна во добро, за да се изврши она, што денес се случува: да се прехранат многу луѓе.« И им рече: »Не плашете се, јас ќе ве прехранам вас и вашите домови.« Така ги утеши, зборувајќи угодно. И продолжи да живее Јосиф во Египет, самиот тој и браќата негови и целиот дом на таткото негов: поживе сто и десет години. И ги виде Јосиф синовите Ефремови до третото колено; а и синовите на Махир, синот Манасиев, што се родија на колената Јосифови. Тогаш им рече на браќата свои, велејќи: »Јас ќе умрам; но Бог вас секако ќе ве посети и ќе ве изведе од оваа земја во земјата, за која им се заколнал Бог на нашите татковци – на Авраама, на Исака и на Јакова.« Па ги заколна Јосиф синовите Израилеви и им рече: »Кога Бог ќе ве посети вас, вие тогаш понесете ги коските мои одовде со вас!« Потоа умре Јосиф кога имаше сто и десет години. И, го погребаа, го положија во ковчег во Египет. А овие се имињата на синовите Израилеви, кои дојдоа во Египет со Јакова, таткото нивни; секој со целото свое семејство дојде. Рувим, Симеон, Левиј и Јуда, Исахар, Завулон и Венијамин, Дан и Нефталим, Гад и Асир. А Јосиф, пак, беше во Египет. И сите, кои произлегоа од Јакова, беа седумдесет и пет души. Потоа Јосиф умре и сите браша негови, и сиот нивни род; а синовите Израилеви се народија и се намножија, и беа многу, и се засилија многу, така што земјата се наполни со нив. Тогаш во Египет се зацари нов цар, кој не знаеше за Јосифа, и му рече на народот свој: »Еве, народот на синовите Израилеви е многуброен и посилен од нас. Па ајде да ги надмудриме за да не се размножуваат; и, ако настане војна, да не се здружат со непријателите наши и да удрат на нас, па да не си отидат од земјата наша.« И поставија над нив надзорници над работите за да ги мачат со работа. Така му ги изградија на Фараонот утврдените градови Питом и Рамзес и Он, наречен сега Илиопол. Но, колку повеќе ги мачеа, толку повеќе се множеа, и се засилуваа многу, така што се плашеа Египтјаните од синовите Израилеви. Затоа Египтјаните ги гонеа синивите Израилеви со жестокост, и им го загорчуваа животот со тешки работи, со кал и правење тули, и со секаква работа во полињата, и со сите други работи, ги измачуваа немилосрдно. Освен тоа, царот египетски им се обрати на бабиците еврејски, од кои на едната ѝ беше името Сепфора, а на другата Фуа; и им рече: »Кога ќе бабувате кај Еврејките, и при породувањето, ако видите дека е машко, убијте го, а ако биде женско, запазете го!« Но бабиците се плашеа од Бога и не правеа така, како што им заповеда царот египетски, туку ги оставаа децата од машки пол. А царот египетски ги повика бабиците и им рече: »Зошто правите така и ги оставата машките деца во живот?« А бабиците му одговорија на Фараонот: »Еврејките не се како жените египетски: зашто пред да дојде бабицата, тие веќе родиле.« Бог, пак, им превеше на бабиците добро; а народот се множеше и многу се засилуваше. И бидејќи бабиците се плашеа од Бога, Бог им правеше добро за да преуспеваат во животот. Тогаш му заповеда Фараонот на целиот народ свој, велејќи: »Секое машко кое ќе се роди кај Евреите, фрлете го в река: само женските деца оставајте ги во живот.« Еден човек од племето Левиево отиде и се ожени со една од ќерките Левиеви. Жената зачна и роди машко дете; па кога виде дека е многу убаво, го криеше три месеци. Но, кога не можеше повеќе да го крие, мајката зеде кошниче од трски; го облепи со смола и катран; и, откако го стави детето во него, го однесе во трската крај реката. А сестрата негова застана подалеку, за да гледа што ќе стане со него. Ќерката, пак, Фараонова слезе до реката, за да се капе, а и нејзините слугинки одеа покрај реката. И таа го забележа кошничето во трската, па испрати една од слугинките свои, да го донесе. А кога го отвори, виде дете; и тогаш детето заплака. Таа се смили над него и рече: »Ова е еврејско дете.« Тогаш сестрата негова ѝ рече на ќерката Фараонова: »Сакаш ли да одам да викнам доилка Еврејка, да ти го дои детето?« А ќерката Фараонова ѝ рече: »Оди!« И девојчето отиде, и ја викна мајката на детето. Ќерката Фараонова ѝ рече: »Чувај го ова дете, и дој ми го; а јас ќе ти платам.« И го зеде жената детето и го доеше. А кога детето порасна, го одведе кај ќерката Фараонова, и таа го посини. И му стави име Мојсеј, велејќи, »оти од вода го извадив.« По многу време, кога Мојсеј стана возрасен, отиде меѓу браќата свои, синовите Израилеви, и ја виде маката нивна. И забележа како еден Египтјанин бие Евреин – еден од браќата негови. Се обѕрна на сите страни, и, кога виде дека нема никој, го уби Египтјанинот и го закопа во песокта. Утредента излезе пак и виде двајца мажи Евреи како се тепаат и му рече на оној, кој беше виновен: »Зошто го биеш ближниот свој?« А тој одговори: »Кој те постави тебе за старешина и судија над нас? Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што го уби Египтјанинот?« Тогаш Мојсеј се уплаши и рече: »Значи, се разбрало за ова?« И Фараонот беше чул за ова, па сакаше да го погуби Мојсеја. Но Мојсеј избега од Фараонот и се насели во земјата Мадијамска. Кога дојде во земјата Мадијамска, седна крај еден извор. А свештеникот Мадијамски, пак, имаше седум ќерки, кои ги пасеа овците на татка си Јотор. И тие дојдоа и почнаа да земаат вода додека не ги наполнија поилата, за да го напојат стадото на таткото свој Јотор. Но дојдоа овчари, и ги истераа, а Мојсеј стана и ги одбрани, им налеа вода и им го напои стадото. И тие се вратија кај таткото свој Јотор, а тој ги праша: »Како толку бргу се вративте денес?« Тие одговорија: »Еден Египтјанин нѐ одбрани од овчарите, дури ни извади вода и ни ги напои овците наши.« А тој им рече на ќерките свои: »Па, каде е? Зошто сте го оставиле така тој човек? Поканете го да јаде леб!« И Мојсеј реши да живее кај тој човек, а тој му ја даде на Мојсеја за жена ќерката своја Сепфора. И таа зачна и роди син, и Мојсеј му стави име Гирсам, »бидејќи сум – рече – придојден во туѓа земја.« И пак зачна и роди втор син, и му стави име Елиезер, велејќи: »Бог на мојот татко ми е Помошник и ме избави од рацете Фараонови.« А по многу време умре царот египетски. А синовите Израилеви уште офкаа од маките и викаа; и пискотот нивни од тешките работи дојде до Бога. И Бог го чу офкањето нивно, и се сети Бог на заветот Свој со Авраама, Исака и Јакова. И погледна Бог на синовите Израилеви, и се смили над нив. Мојсеј го пасеше стадото на Јатора, тестот свој, свештеникот Мадијамски. Терајќи го стадото така преку пустиња, дојде до планината Божја Хорив, И му се јави Ангел Господеов во огнен пламен во капина. И виде тој, а тоа капината гори со оган, а не изгорува. И Мојсеј рече: »Да појдам да го видам ова чудо, зашто капината не изгорува.« А кога виде Господ дека тој доаѓа да види, извика Господ од капината и рече: »Мојсеј, Мојсеј!« А тој одговори: »Еве ме, Господи!« И Он рече: »Не приоѓај ваму. Собуј ги обувките твои од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја.« И му рече: »Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.« А Мојсеј го сврти лицето свое, зашто се плашеше да погледа во Бога. И Господ му рече на Мојсеја: »Ги видов страдањата на народот Мој во Египет, и го чув пискотот негов од злото, што му го прават надзорниците. Сега ја знам маката негова. Па слегов да го избавам од рацете египетски, и да го изведам од таа земја и да го воведам во земја добра и пространа, во земја, каде што тече мед и млеко, во крајот на Хананејците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Гергесејците и Јевусејците. И еве, сега викотот на синовите Израилеви стигна веќе до Мене, и Јас го видов гнетот, со кој ги мачат Египтјаните. А сега појди – Јас те испраќам кај Фараонот, царот египетски, за да го изведеш од Египет народот Мој, синовите Израилеви.« Мојсеј, пак, Му проговори на Бога: »Кој сум јас, та да одам кај Фараонот, царот египетски, и да ги изведам синовите Израилеви од земјата египетска?« Му рече Бог на Мојсеја, велејќи: »Ќе бидам со тебе, и ова нека ти биде знак, дека Јас сум те испратил: Кога ќе го изведеш народот Мој од Египет, помолете Му се на Бога на оваа планина.« А Мојсеј Му рече на Бога: »Еве, ќе појдам кај синовите Израилеви и ќе им речам: ‚Бог на татковците ваши ме испраќа кај вас.‘ И ако тие ме прашаат: ‚како Му е името‘, што ќе им речам тогаш?« Бог му одговори на Мојсеја, велејќи: »Јас сим Оној, Кој вечно постои!« Па продолжи: »Така ќе им кажеш на синовите Израилеви: ‚Оној, Кој вечно постои, ме испрати кај вас.‘« И пак му рече Бог на Мојсеја: »Вака кажи им на синовите Израилеви: ‚Господ Бог на татковците наши, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов ме испрати кај вас. Ете тоа е името Мое вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено.‘ Оди и собери ги старешините Израилеви, и кажи им: ‚Господ, Бог на татковците ваши, ми се јави, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, и ми рече: »Ве посетив и видов што ви се прави во Египет.« И реков уште: »Ќе ве изведам од маките египетски во земјата Хананска, и Хетејска, и Аморејска, и Ферезејска, и Евејска, и Јевусејска, во земја каде што тече мед и млеко!«‘ И тие ќе го послушаат гласот твој; а ќе отидеш ти и старешините Израилеви кај Фараонот, царот египетски, и ќе му речеш: ‚Господ, Бог на Евреите, нѐ повика да појдеме на три дена пат во пустињата, за да Му принесеме жртва на Господа, нашиот Бог.‘ А Јас знам дека Фараонот, царот египетски, нема да ви дозволи да излезете без силна рака. Но ќе ја пружам раката Своја, и ќе ги поразам Египтјаните со сите Мои чудеса, што ќе ги направам меѓе нив; потоа ќе ве пушти. И ќе му дадам милост на овој народ кај Египтјаните, така што, кога ќе појдете, нема да појдете празни. Туку секоја жена нека побара од сосетката своја и од пријателката своја сребрен и златен накит и облека; и ќе ги украсите со нив синовите ваши и ќерките ваши, и така ќе ги плените Египтјанките.« Тогаш Мојсеј одговори и рече: »А ако не ми поверуваат и не го послушаат гласот мој, туку ми речат – ‚Не ти се јавил Гопод?‘ – Што ќе им речам?« А господ му рече: »Што ти е тоа во раката?« А тој одговори: »Стап.« И му рече: »Фрли го на земја!« И го фрли на земја, а тој стана змија. И Мојсеј извега од неа. А Господ му рече на Мојсеја: »Испружи ја раката своја, па фати ја за опашката.« И ја испружи раката и ја фати за опашката, и пак стана стап во раката негова. »Така ќе поверуваат, оти ти се јавил Господ, Бог на татковците твои, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.« И пак му рече Господ: »Стави ја сега раката свој во пазувата своја!« И тој ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади, а тоа раката му побелела од лепра, како снег. И пак му рече Господ: »Стави ја пак раката своја во пазувата своја!« И пак ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади од пазувата, таа пак станала, како што му беше целото тело негово. »Па, ако не ти поверуваат и не го послушаат гласот твој при првиот знак, ќе ти поверуваат при вториот знак. А ако не поверуваат ни на двата знака и не го послушаат гласот твој, а ти тогаш земи вода од реката, и истури ја на суво; и водата, земена од реката, ќе се претвори во крв на земјата.« А Мојсеј Му рече на Господа: »О, Господи, Те молам, не сум доброречив човек; ни порано сум бил, ниту вчера, ни завчера, па ни сега, откако проговори Ти со слугата Твој, бидејќи немам добра глас и тепкам, тешко зборувам.« А Господ му рече на Мојсеја: »Кој му дал уста на човекот? Кој го прави нем, или глув, да гледа, или да е слеп? Зар не Јас ли, Господ Бог? Па сега, оди, и Јас ќе ти ја отворам устата твоја, и ќе те научам, што ќе зборуваш.« Но Мојсеј пак рече: »Те молам, Господи, избери друг, што ќе го испратиш.« И се разгневи Господ на Мојсеја, и рече: »Не ли ти е брат Арон Левитот? Знам дека е способен и тој ќе зборува наместо тебе; и еве тој ќе те сретне, и, кога ќе те види, ќе се зарадува во себе. Нему ќе му кажеш и ќе ги ставиш Моиве зборови во устата негова, и Јас ќе ти ја отворам устата твоја и устата негова и ќе ви покажам што да правите. И тој место тебе ќе му зборува на народот; и така тој ќе ти биде тебе уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога. А тој стап што беше претворен во змија, земи го во својата рака. Со него ќе правиш чуда.« Тогаш отиде Мојсеј и се врати при Јотора, тестот свој, и му рече: »Ќе појдам и ќе се вратам кај браќата мои во Египет, да видам дали се уште живи.« И му рече Јотор на Мојсеја: »Оди со здравје!« По оние многу денови умре царот египетски. И му рече Господ на Мојсеја во земјата Мадијамска: »Оди, врати се во Египет, зашто изумреа сите, што ја бараа душата твоја.« Тогаш ја зеде Мојсеј жената своја и децата свои, и ги качи на осли, и се врати во Египет. А стапот Божји го зеде Мојсеј во раката своја. И му рече Господ на Мојсеја: »Кога ќе отидеш и се вратиш во Египет, гледај да ги направиш пред Фараонот сите чудеса, за кои ти дадов моќ во рацете твои. А Јас, пак, ќе го ожесточам срцето негово, да не го пушти народот. А ти кажи му на Фараонот: ‚Вака вели Господ Бог еврејски: Израил е Мојот првороден син.‘ ‚Ти реков да го пуштиш народот Мој да ми послужи. Ако одбиеш да го пуштиш, внимавај Јас ќе ги убијам твојот првороден син.‘« И кога патем ноќеваше, го сретна Ангел Господов и сакаше да го убие. Тогаш Сепфора зеде остар камен, и го обреза крајот од телото на својот син, и клекна пред нозете на Мојсеја и рече: »Ете ја крвта од обрезанието на мојот син!« Тогаш Ангелот отиде од него; а таа рече: »Поради обрезанието застана крвта на синот мој.« А Господ му рече на Арона: »Излези во пустињата и отиди да го сретнеш Мојсеја!« И отиде да го сретне на планината Божја, и се целиваа обајцата. Мојсеј, пак, му ги кажа на Арона сите зборови Господови, Кој го испрати, и сите знаци, што му ги беше заповедал. И отидоа Мојсеј и Арон и ги собраа сите старешини и синовите Израилеви. А Арон им ги кажа сите збороди, што му ги беше кажал Господ на Мојсеја, а Мојсеј ги изврши сите знаци пред народот. Народот поверува и се израдуваа зашто Господ Бог ги посети синовите Израилеви и погледна на маката нивна, па паднаа на колена и се поклонија. А потоа влегоа Мојсеј и Арон кај Фараонот, па му рекоа: »Вака вели Господ, Бог Израилев – ‚Пушти го народот Мој, да празнува празник во Моја чест во пустињата.‘« Но Фараонот рече: »Кој е, за да Го послушам гласот Негов, и да ги пуштам синовите Израилеви? Не Го познавам Господа, ниту ќе го пуштам Израилот.« А тие рекоа: »Бог на Евреите нѐ повика нас три дена пат да одиме во пустињата, за да Му принесеме жртва на Господа, нашиот Бог, та да не испрати Он на нас смрт или убиство.« Тогаш царот египетски им рече: »Зошто вие, Мојсеј и Ароне, го одвлекувате народот од работата негова? Одете си секој од вас по своја работа!« И Фараонот уште додаде: »Ете, сега се намножи народот во земјата, но нема да му дадеме почивка од работите.« И им заповеда Фараонот на надзорниците за работа над народот и на настојниците негови, и рече: »Отсега на народот нема да му давате плева за правење тули, како досега: туку сами нека одат да си собираат плева. А колку тули досега правеле, настојувајте толку да правет и отсега: ништо не намалувајте; оти се без работа, па затоа викаат и велат – ‚Да одиме и да Му принесеме жртва на нашиот Бог.‘ Нека им се зголеми работата на тие луѓе; тогаш ќе се грижат за тоа и нема да слушаат празни зборови.« И ги принудија нив надзорниците и настојниците, и му рекоа на народот: »Вака вели Фараонот: нема да ви даваме веќе плева; одете сами и собирајте си плева, каде што ќе најдете; а од работата нема ништо да ви се намали.« И се разотиде народот по целата земја Египетска за да собира стрника наместо плева. А надзорниците навалуваа, велејќи: »Вршете ги определените работи ваши секој ден, како и порано кога имавте плева.« И настојниците од родот на синовите Израилеви, кои ги поставија над нив надзорниците на Фараонот, беа биени и им се велеше: »Зошто и денес не изработивте толку тули, колку што ви е определено, како што правевте и порано?« И отидоа настојниците на синовите Израилеви пред Фараонот, па извикаа и рекоа: »Зошто постапуваш така со слугите твои? Плева не им се дава на слугите твои, а пак ни се вели: ‚Правете тули.‘ И ете, ги бијат слугите твои. Го онеправдуваат твојот народ.« Но тој им одговори: »Седите без работа, не работите, па затоа велите: ‚Да одиме да Му принесеме жртва на нашиот Бог.‘ Затоа сега одете, работете; плева нема да ви се дава, а тули ќе предавате во определен број.« И насотјниците на синовите Израилеви се видоа во зло, оти им се рече: »Дневната количина на тулите не смеете да ја намалите.« А кога излегоа од Фараонот, ги сретнаа Мојсеја и Арона, кои идеа во пресрет. Па им рекоа: »Бог нека види и нека ви суди што нѐ намразивте кај Фараонот и службениците негови, и им дадовте меч во радете, за да нѐ убиваат!« Тогаш Мојсеј се обрна кон Господа и рече: »Господи, Ти се молам, Господи, зошто го воведе во невола овој народ и зошто ме испрати мене? Оти, откако излегов пред Фараонот и проговорив во Твое име, тој уште полошо постапува со овој народ; и Ти не го избави народот Свој.« А Господ Бог му рече на Мојсеја: »Еве, ќе видиш што ќе му направам на Фараонот; со рака силна ќе ги пушти; под дејство на рака цврста дури ќе ги истера од земјата своја.« И уште му зборуваше Бог на Мојсеја, па му рече: »Јас сум Господ. Јас му се јавив на Аврама и Исака и Јакова како ‚Семоќен Бог‘, а со името Мое како ‚Господ‘ не сум им се открил. И направив завет Свој со нив, дека ќе им ја дадам земјата Хананска: земја, во која беа тие придојдени, и во која живееја како туѓинци. Ги чув воздишките на синовите Израилеви, кои Египтјаните ги измачуваат, и се сетив на заветот Мој. Затоа, појди и кажи им на синовите Израилеви, велејќи: ‚Јас сум Господ, ќе ве изведам од египетското насилство, ќе ве избавам од ропството нивно, ќе ве спасам вас удирајќи со силна рака и со суд голем. Ќе ве земам за свој народ, ќе ви бидам Бог, па ќе познаете дека Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ќе ве изведе од Египетската земја. И ќе ве воведам во онаа земја, за која кренав рака и се заколнав дека ќе му ја дадам на Авраама, на Исака и на Јакова; и ќе ви ја дадам вам во наследство. Јас Господ!‘« Мојсеј им го кажа тоа на синовите Израилеви, но тие не го послушаа Мојсеја од малодушност и поради тешките работи. Тогаш Господ пак му рече на Мојсеја, велејќи: »Влези, кажи му на Фараонот, царот египетски, да ги пушти синовите Израилеви од земјата своја.« А Мојсеј проговори пред Господа и рече: »Ете, синовите Израилеви не ме послушаа, а како ќе ме послуша Фараонот? А освен тоа, јас сум спор во зборувањето.« Но Господ им зборуваше на Мојсеја и Арона, и ги задолжи да одат кај синовите Израилеви и кај Фараонот, за да ги пушти синовите Израилеви од земјата Египетска. Ова се старешините на нивните домови: синовите на Рувима, провородениот син Израилев: Енох и Фалус, Асрон и Харми; тоа е племето Рувимово. А синовите Симеонови се: Јемуил, Јамин, Аод, Ахин, Сар и Саул, син на една Хананејка; тоа е племето Сименово. А еве ги имињата на синовите Левиеви, според сродствата нивни: Гирсон, Каат и Мерари. А Левиј поживе сто и триесет и седум години. Синови, пак, Гирсонови беа: Ловениј и Семеј со семејствата нивни. Синови Каатови: Амрам и Исар, Хеврон и Озил. А годините на Катовиот живот беа сто и триесет и три. А синовите Мерариеви се: Молиј и Мусиј. Тоа се семејствата на Левиј според сродствата нивни. Амрам се ожени со Јохаведа, братучетката своја, и таа му ги роди Арона и Мојсеја и Маријам, сестрата нивна. Амрам поживе сто триесет и седум години. Синови, пак, Исарови беа: Кореј, Нафек и Зехриј. Синовите Озилови се: Мисаил, Елисафан и Сегриј. А Арон ја зеде за жена Елисавета, ќерката Аминадавова, сестра Насонова; и таа му ги роди Надава и Авиуда, Елеазара и Ирамара. Синови Корееве беа: Асир, Елкан и Авијасаф. Тоа е потомството Кореево. И Елеазар, синот Аронов, се ожени со една од ќерките Футилови, и таа му го роди Финеса. Тоа се старешините на Левиевото племе, според нивните семејства. А Арон и Мојсеј, тоа се оние, на кои Господ им рече да ги изведат синовите Израилеви од земјата Египетска, си силата на дружините нивни! Овие се оние, кои му зборуваа на Фаранонот, царот египетски, за да ги изведат синовите Израилеви од земјата Египеска; тоа се Арон и Мојсеј. Во оној ден, кога Господ му говореше на Мојсеја во земјата Египетска, и му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Јас сум Господ. Кажи му го на Фараонот, царот египетски, сѐ она што Јас ти го реков!« А Мојсеј рече пред Господа: »Еве, недоброречив сум, па како ќе ме послуша Фараонот?« И Господ му рече на Мојсеја, велејќи: »Ете, Јас те поставив да му бидеш Бог на Фараонот; а Арон, братот твој, ќе ти биде пророк твој. Ти ќе му зборуваш сѐ, што тебе ќе ти заповедам, а Арон, пак, братот твој, ќе му зборува на Фараонот да ти ги пушти синовите Израилеви ос земјата своја. Само Јас ќе го ожесточам срцето на Фараонот, и ќе ги умножам знаците Мои и чудесата Мои во земјата Египетска. Фараонот сепак нема да ве послуша. Но Јас ќе ја ставам раката Своја над Египет и со силата Моја ќе го изведам народот Мој, синовите Израилеви, од земјата египетска со страшна одмазда. И ќе познаат сите Египтјани дека Јас сум Господ, кога ја протегам раката Своја над Египет и кога ќе ги изведа синовите Израилеви од нивната средина.« И направија така Мојсеј и Арон; како што им заповеда Господ, така направија. Мојсеј имаше осумдесет години, а Арон, братот негов осумдесет и три години кога зборуваа со Фараонот. Им рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи: »А ако Фараонот ви каже и рече: ‚Направете некакво чудо или дајте знак‘ – тогаш кажи му на Арона, братот твој: ‚Земи го стапот и фрли го наземи пред Фараонот и неговите слуги‘ – тој ќе стане змија.« Потоа Мојсеј и Арон влегоа кај Фараонот и слугите негови и направија така, како што им заповеда Господ. И го фрли Арон стапот свој пред Фараонот и пред слугите негови, и тој стана змија. Тогаш Фараонот ги повика мудреците египетски и врачевите; и тие направија исто со своето вражање. И секој од нив го фрли својот стап и тие станаа змии; само стапот Аронов ги проголта нивните стапови. Но срцето Фараоново се стврдна и не ги послуша нив, како што им беше рекол Господ. И му рече Господ на Мојсеја: »Кораво е срцето Фараоново; и нема да го пушти народот. Појди утре при Фараонот. И ете, тој ќе излезе до водата, и пресретни го на речниот брег; стапот, пак, што се претвори во змија, земи го во раката своја. И речи му: ‚Господ, Бог на Евреите, ме испрати кај тебе да ти кажам: »Пушти го народот Мој за да ми изврши служба во пустињата!« Ни ти, ете, досега не Го послуша. Затоа Господ вели: »По ова ќе познаеш, дека Јас сум Господ.« Еве, со стапов, што ми е во раката, ќе удрам по водата, која е во реката, и таа ќе стане крв. И рибите што се во реката ќе изумрат, и реката ќе се смириса, а Египтјаните не ќе можат да пијат вода од реката.‘« Му рече Господ на Мојсеја – »Кажи му на Арона братот твој: ‚Земи го стапот свој во раката твоја, и пружи ја раката своја над водите египетски: над реките нивни, и над езерата нивни и над сите нивни собиралишта на води; и тие ќе се претворат во крв. И сѐ ќе стане крв по целата земја египетска, и по дрвјата и по камењата.‘« Направија Мојсеј и Арон така, како што заповеда Господ. И го зеде Арон стапот свој, па удри по речнате вода пред очите на Фараонот и слугите негови. И сета вода речна се претвори во крв. И изумреа рибите, што беа во реката, и се смириса реката, така што Египтјаните не можеа да пијат вода од реката; и крв имаше по целата земја египетска. Но и врачевите египетски го направија истото со своето вражање. И срцето на Фараонот се ожесточи и тој не ги послуша нив, како што им беше рекол Господ. Потоа се сврте Фараонот и се отиде во домот свој; и ни од тоа не се поучи тој. А Египтјаните, сите, почнаа да копаат околу реката, барајќи вода за пиење; зашто не можеа да пијат вода од реката. И така изминаа седум дена, откако ја удри Господ реката. Потоа Господ пак му рече на Мојсеја: »Оди при Фараонот, и речи му – вака вели Господ: ‚Пушти го народот Мој, да му изврши служба.‘ А ако не се согласиш да го пуштиш, еве, Јас ќе ја поразам целата земја твоја со жаби; и реката ќе се исполни со многу жаби, и тие ќе излезат и ќе влезат кај тебе дома, и во твојата спална, и во постелата твоја, и во куќата на слугите твои и народот твој, и во печките твои, и во ноќвите твои; а врз тебе ќе скокаат жаби и врз народот твој и врз слугите твои.« И му рече Господ на Мојсеја: »Кажи му на Арона, братот твој: ‚Пружи ја раката Твоја со стапот свој врз реките, врз изворите и врз езерата, и направи жаби да излезат по земјата Египетска.‘« И ја пружи Арон раката своја врз водите египетски, и произлегоа жаби; и ја покрија земјата Египетска; Но и врачевите египетски го направија истото со своето вражање, па изведоа жаби по земјата Египетска. Тогаш Фараонот ги повика Мојсеја и Арона и им рече: »Помолете Му се на Господа за мене, да ги отстрани жабите од мене и од народот мој, и јас ќе го пуштам народот да Му принесе жртва на Господа.« А Мојсеј му рече на Фараонот: »Определи кога сакаш да Му се помолам за тебе, за слугите твои и за твојот народ, за да се отстранат жабите од тебе и од народот твој и од куќите ваши, а само во реката да останат.« И определи: »Утре«. А Мојсеј рече: »Нека биде како што рече ти, за да познаеш дека нема друг освен Господа, нашиот Бог. Ќе отидат жабите од тебе, од куќите ваши, од дворовите на слугите твои и од народот твој; само во реката ќе останат.« Потоа Мојсеј и Арон излегоа од кај Фараонот. И Мојсеј Му се помоли на Господа за разграничување на жабите, како што беше се договорил со Фараонот. И Господ направи како што измоли Мојсеј: жабите изгинаа по куќите, по дворовите и по нивите нивни. И ги собраа на купишта, така што земјата засмрде. А кога Фараонот виде дека злото помина, му отврдна срцето, и не ги послуша нив, како што беше рекол Господ. Тогаш Господ му рече на Мојсеја – »Кажи му на Арона: ‚Пружи го со рака стапот свој, и удри по правот на земјата –‘ и ќе се појават мушички по целата земја Египетска.« Арон го пружи со раката стапот свој, и удри по правот на земјата, и се појавија мушички по луѓето и по доборокот, сиот песок на земјата се претвори во мушички по целата земја Египетска. Сеобидоа и вражачите египетски со вражањето свое да призведат мушички, но не можеа. И имаше мушички по луѓето и по добитокот. И му рекоа вражачите на Фараонот: »Ова е знак Божји!« Но срцето на Фаронотпак се стврдна, и не ги послуша, како што беше рекол Господ. И му рече Господ на Мојсеја: »Стани утре и застани пред Фараонот. Тогаш тој ќе излезе кај реката, па кажи му: ‚Вака вели Господ: Пушти го народот Мој, да Ми послужи.‘ А ако не сакаш да го пуштиш народот Мој, еве, Јас ќе пуштам врз тебе и врз слугите твои, и врз народот твој и во домовите ваши бубачки, и ќе се исполнат со бубачки куќите египетски, и земјата на која се. А во оној ден ќе ја одделам земјата Гесем, каде што живее Мојот народ, и таму нема да има бубачки, за да познаеш, дека Јас сум Господ Бог на целата земја. И ќе направам разлика меѓу народот Мој и народот твој. Утре ќе го има тој знак на земјата.« И направи Господ така: и се појавија многу бубачки во куќите Фараонови, во куќите на слугите негови и во целата земја Египетска, така што се сотре земјата од бубачките. Фараонот ги повика Мојсеја и Арона, и им рече: »Отидете, принесете Му жртва на вашиот Господ Бог во оваа земја!« Но Мојсеј рече: »Не е можно така да биде, зашто принесувањеот жртва на Господа, нашиот Бог, е нечисто за Египтјаните, пред нивните очи, тие нема ли да нѐ убијат со камења? Три дена пат ќе одиме во пустињата, па да Му принесеме жртва на Господа, нашиот Бог, како што ни рече нашиот Господ.« И одговори Фараонот: »Ќе ве пуштам да Му принесете жртва на Господа, вашиот Бог, во пустињата; но не одете подалеку, и помолете се на Господа и за мене!« А Мојсеј рече: »Еве, јас одам од тебе и ќе Му се помолам на Господа Бога, и бубачките утре ќе исчезнат од тебе и од слугите твои, а и од народот твој. Но престани, Фараоне, да нѐ мамиш, не пуштајќи го народот да Му принесе жртва на Господа.« И отиде Мојсеј од Фараонот, и Му се помоли на Господа. И Господ направи како што измоли Мојсеј, и си отидоа бубачките од Фараонот, и од слугите негови, и од народот; и не остана ниедна. Но пак зарврдна срцето Фараоново, и пак не го пушти народот. Тогаш му рече Господ на Мојсеја: »Влези при Фараонот и кажи му: ‚Вака вели Господ, Бог на Евреите: пушти го народот Мој, за да ми изврши служба.‘ Оти, ако не го пуштиш, па и понатаму го задржуваш, еве, раката Господова ќе дојде врз добитокот твој во полето, врз коњите, врз ослите, врз камилите, врз говедата и врз овците – и многу голем помор ќе настане. И во она време ќе направам чуда меѓу добитокот на синовите Израилеви; и од сиот добиток на синовите Израилеви нема ништо да загине.« И определи Господ време, велејќи: »Утре ќе го направи тоа Господ на земјата.« И го изврши тоа Господ утредента, и сиот добиток египетски исцрка; а од добитокот на синовите Израилеви ништо не загина. И виде Фараонот дека од добитокот Израилев не беше загинато ниту едно грло. Но Фараоновот срце одново отврдна, и тој пак не го пушти народот. Тогаш му рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи: »Земете полни раце пепел од печката, и Мојсеј нека ја фрли пред Фараонот и пред слугите негови спрема небото; и ќе се дигне прав по целата земја Египетска; а од неа ќе се појават воспаленија и на луѓето, и на доботокот по целата земја Египетска.« И зедоа пепел од печката, и застанаа пред Фараонот, па ја фрли Мојсеј спрема небо, и се појавија гнојни струпје по луѓето и по добитокот. И вражачите не можеа да стојат пред Мојсеја поради струпјето, зашто струпје имаше и на вражачите и на сите Египтјани. И го ожесточи Господ срцето на Фараонот и тој не ги послуша, како што му беше рекол Господ на Мојсеја. Потоа му рече Господ на Мојсеја: »Стани утре рано и излези пред Фараонот и речи му: ‚Еве што вели Господ, Бог на Евреите: пушти го народот Мој, да Ми послужи, оти овој пат ќе ги пуштам сите зла, за да познаеш дека нема друг како што сум Јас на целата земја. Оти сега, ако ја пружам Својата рака, ќе те поразам тебе и народот твој со помор, така што ќе се истребите од земјата. А те оставив досега само за да ја покажам над тебе силата Своја, за да биде проповедано името Мое по целата земја. Уште ли ќе се креваш над Мојот народ, и нема ли да го пушташ? Па, еве, утре, токму во овој час, Јас ќе пратам град многу голем, каков што немало во Египет, откако настанал па досега. Затоа, сега побрзај да се прибере добитокот твој, и се што имаш по полето; оти ќе падне град врз сите луѓе и врз доботокот. А оние, што ќе се затечат во полето и не бидат прибрани дома, ќе падне град врз нив и ќе изгинат.‘« Оние Фараонови слуги, кои се уплашија од зборовите Господови, брзо го прибраа добитокот свој по куќите. А оној, пак, кој не им поверува на зборовите Господови, тој го остави добитокот свој во полето. И му рече Господ на Мојсеја: »Пружи ја раката своја кон небото, и ќе удри град по целата земја Египетска, врз луѓето, врз доботокот и врз тревата земна.« И Мојсеј ја крена раката кон небото и Господ пушти громови и град, и течеше оган по земјата. И прати Господ град врз целата земја Египетска. Паѓаше град, а и оган гореше со градот многу силен, каков што немало во целата земја Египетска, откако биле населени луѓето во неа. А градот уништи во целата земја Египетска сѐ – од човек до животно; и градот ги уништи сите растенија по полето, и сите дрвја во полето ги сотре. Само во земјата Гесем, каде што беа синовите Израилеви, немаше град. Тогаш прати Фараонот, и ги повика Мојсеја и Арона, и им рече: »Сега згрешив; Господ е праведан, а јас и мојот народ сме грешници. Помолете Му се на Господа за мене; нека престанат громовите Божји и градот, и огнот на земјата, па ќе ве пуштам, и повеќе никој да не ве задржува.« А Мојсеј му рече: »Штом ќе излезам од градот, ќе ги кренам рацете мои спрема небото кон Господа, и громовите ќе престанат и град и дожд повеќе нема да има, за да познаеш дека земјата е Господова. Но знам дека ти и слугите твои уште нема да се уплашите од Господа.« И така пропадна ленот и јачменот, зашто јачменот беше искласал, а ленот – фаќаше семе. А пченицата и р'жта не пропаднаа, бидејќи беа доцни жита. И Мојсеј излезе од кај Фараонот надвор од градот, ги издигна рацете свои кон Господа – престанаа громовите и градот, и град и дожд не паднаа веќе на земјата. Но Фараонот, откако виде дека престана дождот, градот и громовите, продолжи пак да греши, и закорави срцето негово и на слугите негови. Се ожесточи срцето Фараоново и на слугите негови, и тој пак не ги пушти синовите Израилеви, како што му беше рекол Господ преку Мојсеја. Тогаш Господ му рече на Мојсеја, велејќи: »Оди при Фараонот, зашто Јас му го ожесточив срцето негово и срцето на слугите негови, за да ги покажам овие знаци врз нив; па да им прикажувате на чедата ваши и на внуците ваши што им направив на Египтјаните, како и за знаците Мои, што ги покажав пред нив, и за да знаат, дека сум Јас Господ.« И отидоа Мојсеј и Арон кај Фараонот и му рекоа: »Еве што вели Господ, Бог на Евреите: ‚До кога не ќе сакаш да се засрамиш пред Мене? Пушти го народот Мој да Ми послужи! Оти, ако не сакаш да го пуштиш народот Мој, еве, утре во ова време ќе пратам скакулци над целата земја твоја. И тие ќе го покријат лицето на земјата, така што не ќе се гледа, а ќе го изедат остатокот, зачуван од градот; ќе го изадат и секое дрво, што ви расте по полето. И ќе ги наполна куќите твои, куќите на слугите твои и сите куќи по целата земја Египетска какво што не виделе татковците твои, ни прадедовците нивни, откако живеат на земјата па сѐ до денес.‘« И свртувајќи се, си отиде Мојсеј од Фараонот. Тогаш слугите му рекоа на Фараонот: »До кога овие маки? Пушти ги луѓето нека Му заблагодарат на Господа, нивниот Бог. Или сакаш да гледаш како Египет пропаѓа?« И ги вратија Мојсеја и Арона пред Фараонот, и им рече Фараонот: »Одете, послужете Му на Господа, вашиот Бог. А кои се тие што ќе одат?« Мојсеј одговори: »Ќе одиме и млади и стари, со синовите свои и со ќерките свои, со овците свои и воловите свои, ќе одиме, зашто тоа ќе биде празник во чест на Господа, нашиот Бог.« И им рече Фараонот: »Така нека биде; нека е Господ со вас. Ќе ве пуштам, но зошто се децата ваши? Ете, лошо лукавство имате. Не така, но да одите само мажите и заблагодарете Му на Господа, зашто тоа сами баравте.« И ги истераа од кај Фараонот. Тогаш му рече Господ на Мојсеја: »Протегни ја раката своја над земјата Египетска и ќе излезат скакулци на земјата египетска, па да ја изадат сета трева по земјата, сиот плод што остана неудрен од градот.« И го крена Мојсеј стапот свој кон небото и над египетската земја наведе Господ јужен ветар, кој дуваше цел ден и цела ноќ; а кога се раздени, јужниот ветар довеа скакулци. И ги навеа нив над целата земја египетска, и нападнаа по сите краишта египетски во голем број: такви скакулци никогаш немало, ниту такви ќе има некогаш. И го покрија лицето на земјата, така што на земјата ништо не се гледаше, и ја изедоа сета трева на земјата и сиот род по дрвјата и од тревата полска во целата земја египетска. Тогаш Фараонот брзо ги повика Мојсеја и Арона и рече: »Прегрешив пред Господа, вашиот Бог, и пред вас. Но уште сега прости ми го гревот мој, и молете Му се на својот Господ Бог да ја отстрани од мене само оваа смрт.« А, откако излезе Мојсеј од кај Фараонот, Му се помоли на Господа. И сврте Господ ветар од морето, многу силен и тој ги крена скакулците и ги фрли во Црвено Море; и не остана ниту еден скакулец во целата земја Египетска. Но Господ го затврдна срцето на Фараонот и тој не ги пушти синовите Израилеви. И му рече Господ на Мојсеја: »Крени ја сега раката своја кон небото, и ќе биде густа темнина по земјата Египетска, таква што дури опиплива ќе биде.« И Мојсеј ја подигна раката свој кон небото, и настана густа темнина, мрак и бура по целата земја египетска, која потраја цели три дена. Луѓето не се гледаа еден со друг три дена, и никој не се поместуваше од постелата своја три дена. Но по местата, каде што живееја синовите Израилеви, имаше виделина. Тогаш Фараонот го повика Мојсеја и Арона, и им рече: »Одете, заблагодарете Му на Господа, вашиот Бог; само овците ваши и воловите ваши нека останат, а имотот ваш нека оди со вас.« Но Мојсеј рече: »Не, ами ти треба да нѐ снабдиш со приноси и жртви сепалиници, што ќе ги принесеме на Господа, нашиот Бог. Затоа и добитокот наш нека оди со нас, да не остане ни копито; зашто од него треба да земеме нешто, со што ќе му заблагодариме на Господа, нашиот Бог; но, додека не пристигнеме таму, не знаеме каква жртва ќе Му принесеме на Господа.« И Господ пак го отврдна срцето на Фараонот и тој не сакаше да ги пушти. И му рече Фараонот: »Истави се од пред мене, повеќе да не ми излегуваш пред очи! И оној ден кога ќе ми дојдеш пред очи, ќе загинеш.« А Мојсеј рече: »Право кажа, нема повеќе да ти го видам лицето.« Пак му рече Господ на Мојсеја: »Уште едно зло ќе пратам над Фараонот и над Египет, па тогаш ќе ве пушти оттука; и кога ќе ве пушти, просто ќе ве истера. А сега кажи му на народот тајно – секој човек нека побара од соседот свој и секоја жена од сосетката своја накит сребрен и накит златен а и облека.« И даде Господ народот да најде милост кај Египтјаните и им дадоа; а и самиот Мојсеј беше многу голем човек пред Египтјаните и пред Фараонот, пред очите на слугите негови и пред народот. И рече Мојсеј: »Вака вели Господ: ‚На полноќ ќе поминам низ Египет, и ќе умре секој првороден во земјата Египетска, од првородениот син Фараонов, кој требаше да седне на престолот негов, до првородениот син на слугинката, која се наоѓа во воденицата, и првородениот добиток. И ќе стане пискот голем по целата земја египетска каков што уште немало, ниту некогаш ќе го има. А кај синовите Израилеви нигде наме ни куче да лавне со својот јазик, ниту против човек, ниту против животно, за да се види колку ќе се прослави Господ меѓу Израилците и Египтјаните.‘ Па ќе дојдат сите тие слуги твои кај Мене, и ќе Ми се поклонат, велејќи: ‚Оди си и ти и целиот твој народ, што го водиш со тебе.‘ И тогаш ќе излезам.« И си излезе Мојсеј од Фараонот со голем гнев. А Господ му рече на Мојсеја: »Нема да ве послуша Фараонот, за да се умножат знаците и чудесата Мои во земјата Египетска.« Мојсеј и Арон ги направија сите знаци и чудеса пред Фараонот, но Господ му го ожесточи срцето на Фараонот, и тој не сакаше да ги пушти синовите Израилеви од земјата Египетска. И рече Господ на Мојсеја и на Арона во земјата Египетска, велејќи: »Овој месец да ви биде почеток на месеците, да ви биде прв месец меѓу месеците во годината. Кажи му на целиот собор на синовите Израилеви и речи им: ‚На десеттиот ден од овој месец секој нека земе јагне шилеже според бројот на челадта: значи, по едно на дом. Ако се помалу во домот за едно јагне, нека го земе кај себе соседот, кој му е најблизок, со онолку души, колу што треба, за да можат да го изедат јагнето. А јагнето или јарето да ви биде здраво, машко, без недостаток, од една година; земете го од овците или од козите. И чувајте го до четиринаесеттиот ден од овој месец, а тогаш општиот собор Израилев нека го заколе, во приквечерина. И нека земат крв од него и нека ги попрскаат обата довратника и праговите на куќата, во која ќе го јадат. И нека јадат месо истата ноќ, на оган печено, со пресен леб и со горчливо зелје, нека јадат. Немојте да јадете сурово, ниту во вода варено, туку на оган печено: со главата, со нозете и со дробовите. И ништо немојте да оставате до утрината; и коски не кршете од него; ако нешто од него остане до утрината, изгорете го на оган. А вака јадете го: преопашани, обувките да ви се на нозете и стаповите ваши во рацете ваши, и јадете брзо: тоа е Пасха Господова. Оти ќе поминам низ земјата египетска таа ноќ, и ќе го убијам секој првороден во земјата Египетска, од човек до добиток, и ќе се одмаздам на сите богови египетски. Јас сум Господ. А крвта ќе ви биде знак на куќите, во кои ќе бидете таму: и кога ќе видам крв, ќе ве одминам, па нема да има меѓу вас помор, кога ќе ја поразам земјата египетска. И тој ден ќе ви биде ден на сеќавање и празнувајте го тој празник, посветен на Господа; празнувајте го од колено на колено; вечно озаконет. Седум денови јадете лебови без квас; уште од првиот ден отстранете го квасот од куќите ваши; зашто оној, кој ќе јаде нешто со квас, тој ќе биде истребен од Израилот. Првиот ден да се нарече свет собор; а и седмиот ден да ви биде особено свет; никаква работа да не вршите во тие денови. Освен за јадењето, за кого колку што треба, само тоа можете да го правите. И запазете ја оваа заповед; зашто во тој ден ја изведов војската ваша од земјата египетска; празнувајте го тој ден од колено на колено како вечно озаконет. Бесквасни лебови почнете да јадете од првиот месец во четиринаесеттиот ден вечерта, па сѐ до дваесет и првиот од истиот месец до вечерта. Седум денови не смее да има квас во куќите ваши. Оти, ако некој јаде нешто со квас, ќе биде истребена таа душа од општеството на Израилот, било да е придојдена – или родена во земјата. Ништо со квас немојте да јадете: во сите куќи ваши јадете само бесквасен леб!‘« И ги свика Мојсеј сите старешини на синовите Израилеви и им рече: »Одете и пригответе јагне, според семејствата свои, и заколете пасха. Потоа земете китка исоп и натопете ја во крвта, што е близу до вратите, и попрскајте ги праговите и обата довратника со крвта, што е близу до вратите, и ниеден од вас да не излегува низ вратата куќна до изутрина. И кога ќе помине Господ да го поразува Египет, штом ќе ја види крвта на прагот и на обата довратника, ќе ја одмине Господ таа врата, и нема да му дозволи на истребителот да влезе во куќите ваши и да убива. Пазате го ова како закон за себе и за синовите свои довека. И кога, пак, ќе влезете во земјата, што ќе ви ја даде Господ, како што рече, држете ја оваа служба. И кога ќе ве прашаат синовите ваши: ‚Каква ви е таа служба?‘ Одговорете: ‚Тоа е Пасхална жртва на Господа, кога ги одмина куќите на синовите Израилеви во Египет, убивајќи ги Египтјаните, а домовите наши ги зачува.‘« – Тогаш народот, наведнувајќи се, се поклони. И откако отидоа синовите Израилеви, направија така, како што им заповеда Годпод преку Мојсеја и Арона: така направија. А на полноќ ги уби Господ сите првородени во земјата Египетска, од првородениот син Фараонов, кој требаше да седи на престолот негов, до првородениот син на затвореникот во затворот, и се што беше првородено во добитокот. И стана Фараонот во таа ноќ, тој и сите негови слуги, и сите Египтјани; и настана голем пискот во целата земја египетска, зашто немаше куќа, во која немаше мртовец. Тогаш ги повика Фараонот Мојсеја и Арона, ноќта, и им рече: »Станете, одете си од народот мој, како вие така и синовите Израилеви, и извршете Му служба на Господа, како што велевте. Земете ги и овците ваши, говедата ваши, како што велевте и одете си, па и мене благословете ме!« И Египтјаните навалуваа на народот, што побрзо да си оди од земјата, зашто велеа: »Сите ќе изгинеме!« И народот си го зеде тестото свое, уште неискиснато; ноќвите ги завиткаа во облеките свои, и го ставија на рамењата свои. И постапија синовите Израилеви според заповедта Мојсеева, и побараа од Египтјаните накити сребрени и накити златни, а и облека. И Господ направи, та народот најде милост кај Египтјаните, и тие им дадоа; така тие ги обраа Египтјаните. И тргнаа синовите Израилеви од Рамзес за Сокхот, околу шестотини илјади пешаци мажи, не сметајќи ги тука децата. И многу други придојдени отидоа со нив, и овци и волови голем број отидоа со нив. А од тестото, што го изнесоа од Египет, испекоа бесквасни лепчиња, зашто тоа уште не беше скиснато кога ги истераа Египтјаните, и не можеа да се задржуваат, така што дури ни храна за попат не си приготвија. Времето, пак, што го поминаа синовите Израилеви во Египет и во земјата Хананска, тие и нивните татковци, изнесуваше четиристотини и триесет години. А кога се навршија четиристотини и триесетте години, ноќе во истиот ден излезе сета војска Господова од земјата египетска. Таа ноќ, која Господ ја пробдеа, за да ги изведе од Египетската земја, тоа е ноќ Бдение за Господа, кое треба да го празнуваат синовите Израилеви од колено на колено. И им рече Господ на Мојсеја и на Арона: »Закон за Пасхата е: ниеден туѓинец да не јаде од неа! А секој роб ваш, или купен за пари, откако ќе го обрежете, тогаш може да јаде од неа. Придојден или наемник да не јаде од неа! Во една куќа треба да јадете; не оставајте за изутрина и не изнесувајте надвор од куќата, и коските од жртвата да не кршите. Целото општество Израилево нека прави така. Ако дојде кај вас некој туѓинец и посака да ја празнува Пасхата Господова, нека му се обрежат сите од машки пол, па потоа нека почне да ја празнува, и ќе биде како роден во таа земја; инаку, никој необрезан да не јаде од неа. Еден закон нека има за родениот во таа земја и за придојдениот што дошол меѓу вас!« И направија сите синови Израилеви како што им заповеда Господ на Мојсеја и на Арона, така направија. И во тој ден ги изведе Господ синовите Израилеви од земјата Египетска со нивната војска. Му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Посвети ми го секое првородено, кое ја отвара секоја утроба меѓу синовите Израилеви: и од луѓето, и од добитокот. Тие Мене ми припаѓаат!« И Мојсеј му рече на народот: »Помнете го овој ден, во кој излеговте од земјата Египетска, од домот на ропството, зашто со рака силна ве изведе Господ оттаму; и не јадете ништо со квас. Зашто денес излегувате, во Авив, месецот на новите плодови. Затоа, кога Господ ќе те воведе во земјата хананска, и хетејска, и аморејска, и евејска, и јевусејска, и гергесејска и ферезејска, за која им се заколнал на татковците твои, дека ќе ти ја даде – земјата во која тече мед и млеко – тогаш служи ја оваа служба во овој месец! Шест дена јадете бесквасен леб, а седмиот ден нека биде празник Господов. Бесквасен леб да јадете седум дена, и да не се најде кај тебе ништо со квас, ниту да се најде негде кај тебе квас во сите твои предели. И во тој ден кажи му на синот твој, велејќи: ‚Ова е за она, што ми го направи Господ Бог, кога излегував од Египет!‘ И тоа нека ти биде знак на раката твој и спомен пред очите твои, та законот Господов да ти биде во устата; зашто со рака силна те изведе Господ од Египет. Затоа оној закон запазувај го секоја година во определено време! А кога ќе те воведе Господ, твојот Бог, во земјата Хананска, како што ти се заколна тебе и на твоите татковци, и ќе ти ја предаде – на Господа ќе Му го одделуваш секое првородено од машки пол, што отвора утроба и секое провородено од стадата или добитокот, што го имаш, а е од машки род, посвети го на Господа! А секое првородено осле замени го со јагне; ако, пак, не го замениш, откупи го. И секое првороденче од човек меѓу синовите твои откупувај го! А кога ќе те запраша синот твој тогаш и ти рече: ‚Што е тоа?‘ Кажи му: ‚Зашто со рака силна нѐ изведе Господ од Египет, од домот на ропството.‘ Оти, кога се ожесточи Фараонот да не нѐ пушти, го уби Господ секој првороден во земјата Египеска, од првенец човечки до првородено во добитокот – затоа Му го принесувам на Господа како жртва секое машко, кое отвора утроба, а секој првороден меѓу синовите мои го откупувам. И тоа нека ти биде знак на раката твоја и постојано пред очите твои, бидејќи со рака силна те изведе Господ од Египет.« А кога Фараонот го пушти народот, Бог не го поведе по патот кон земјата Филистејска, иако е пократок; зашто Бог рече: »За да не би да се покае народот, кога ќе види војна, па да се врати во Египет.« Бог го поведе народот по патот во пустињата кон Црвено Море. А синовите Израилеви вооружени излегоа од земјата Египетска. И ги зеде Мојсеј коските Јосифови со себе; зашто ги беше заколнал Јосиф синовите Израилеви, велејќи: »Господ навистина ќе ве посети, а вие тогаш понесете ги коските мои одовде со себе.« Откако појдоа синовите Израилви од Сокхот, се утврдија во Етам, при крајот на пустињата. А Бог ги водеше по патот: дење во столб од облак, а ноќе во столб во оган, светејќи им. И не се иставаше пред сиот народ столбот облак – дење, ни столбот од оган – ноќе. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви да свртат и да се утаборат пред Пи – Аирот во долината меѓу Магдол и морето, спроти Веел Сепфон. Спроти него утаборете се крај морето. И така Фараонот ќе им рече на своите луѓе за синовите Израилеви: ‚Заскитале во земјата, пустињата ги затворила.‘ А Јас ќе направам да се стегне срцето на Фараонот, и тој да појде во потера по нив. Но Јас ќе се прославам над Фараонот и над сета војска негова. И сите Египтјани ќе познаат дека Јас сум Господ.« Тие така и направија. А кога му соопштија на царот египетски дека народот избегал, се измени срцето Фараоново и слугите негови спрема народот, па рекоа: »Што направивме, па ги пуштивме синовите Израилеви, та да не ни работат повеќе.« И ја впрегна Фараонот колата своја, и сиот народ го поведе со себе; зеде шестотини коли по избор и колку што уште имаше коли египетски, со нивните началници. А Господ направи, та со ожесточи срцето на Фараонот, царот египетски, и на слугите негови, и тргна во потера по синовите Израилеви; но синовите Израилеви врвеа под силна рака. И се впуштија по нив Египтјаните, и сите коњи Фараонови со колите, и сета војска негова, и ги најдоа во долината крај морето, спроти Веел Сепфон. А кога наближи Фараонот, се обѕрнаа синовите Израилеви, и што ќе видат – ете Египтјаните идат по нив. И синовите Израилви се уплашија многу, па извикаа кон Господа, и му рекоа на Мојсеја: »Зар немаше гробови во Египет, туку не изведе овде да изгинеме во пустињата? Што ни направи? Зошто нѐ изведе од Египет? Нели ти го кажавме ова и во Египет, кога ти рековме: ‚Остави не, да им служиме на Египтјаните?‘ Оти подобро ќе ни беше да им служиме на Египтјаните, отколку да изгинеме во пустињава.« А Мојсеј му рече на народот: »Не плашете се, застанете и ќе видите Господ како ќе ве спаси денес: Египтјаните, како што ги гледате денес, нема повеќе никогаш да ги видите довека. Господ ќе се бие за вас, а вие бидете спокојни.« И му рече Господ на Мојсеја: »Зошто викаш кон Мене? Кажи им на синовите Израилеви нека врват. А ти земи го стапот свој и протегни ја раката своја врз морето, и раздели го, и нека минат синовите Израилеви, среде море по суво. Но, ете, Јас ќе го стегнам срцето на сите Египтјани, и тие ќе тргнат по нив. А Јас ќе ја покажам славата Своја над Фараонот и над сета војска негова, над колите негови и над коњаниците негови. И сите Египтјани ќе познаат дека Јас сум Господ, што ќе се прославам над Фараонот, над колите негови, и над коњаниците негови.« И се крена Ангелот Господен, што одеше пред војската на синовите Израилеви, и застана зад нив; се крена и столбот од облак пред нив, и застана зад нив. А кога влезе меѓу војската Египетска и меѓу војската на синовите Израилеви застана; на оние им беше темнина и мрак, а на овие им беше светлина, така што преку цела ноќ не се доближија едните до другите. И ја подигна Мојсеј раката своја над морето, а Господ го разбрануваше морето со јужен ветар, кој дуваше силно цела ноќ, па се направи во мерето суво и водата се раздели. И појдоа синовите Израилеви среде море по суво, и водата им стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна. А Египтјаните, гонејќи ги, појдоа по нив среде море, сите коњи Фараонови, колите и коњаниците негови. А во утринската стража погледна Господ на војската египетска од столбот огнен и обласниот и ја доведе во забуна војската египетска, па им ги врза тркалата на колите ниви, та одвај ги влечеа. Тогаш Египтјаните рекоа: »Да бегаме од Израилците, зашто Господ се бие за нив против Египтјаните!« Тогаш му рече Господ на Мојсеја: »Пружи ја раката над морето, и нека се собере водата врз Египтјаните, и да ги покрие колите нивни и коњаниците нивни.« И Мојсеј ја испружи раката своја врз морето, и пред зори пак се поврати со својата сила, а Египтјаните тргнаа да бегаат кон морето; и Господ ги фрли Египтјаните среде море. А кога се поврати водата, ги потопи колите и коњаниците со сета војска Фараонова, се што беше тргнало кон нив, и не остана ниеден од нив. Синовите, пак, Израилеви минаа среде море по суво; водата стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна. И ги избави Господ Израилците во тој ден од рацете на Египтјаните. И ги видоа синовите Израилеви Египтјаните што изумреа на брегот морски. Ја виде Израил силата голема, што Господ ја покажа над Египтјаните, и народот се уплаши од Господа, и поверува во Бога и на неговиот угодник Мојсеја. Тогаш, Мојсеј и синовите Израилеви ја запеаја оваа песна на Господа, велејќи: »Да Го воспеам Господа, зашто славно се прослави: коњите и коњаниците ги фрли в море. Помошник и закрилник ми беше во спасението. Он е Бог мој, и ќе Го прославувам; Бог на таткото мој, и ќе Го превознесувам. Господ ги ништи војните; името Му е Господ. Колите Фараонови и војската негова ги фрли в море; избраните војводи негови се удавија во Црвено Море. Бездните ги покрија; тие потонаа во длабочините како камен. Десницата Твоја, Господи, се прослави со сила; десната рака Твоја, Господи, го уништи непријателот. И со величието на славата Твоја Ти ги собори оние, кои станаа против Тебе, Ти го изли гневот Свој, и тој ги изгоре како слама. Од здивот на гневот Твој водите се расцепија, водите се издигнаа како бедем; среде морето брановите се затврднаа. Непријателот рече: ‚Ќе гонам, ќе стигнам, плен ќе разделам, ќе го господари раката моја.‘ Ти дувна со здивот Твој, и морето ги покри; и тие потонаа како олово во силните води. Кој е како Тебе меѓу боговите, Господи? Кој е како Тебе прославен во светоста Своја, прекрасен во славата Своја и Творец на чудеса? Ти ја пружи десницата Своја – а земјата ги голтна. Според милоста Твоја го водеше народот, кого Ти го избави, и го утешуваше со силата Своја, водејќи го во живеалиштето на Светоста Твоја. Народите ќе чујат и ќе се вознемират: ужас ќе ги опфати жителите на земјата Филистејска. Тогаш ќе побрзаат и поглаварите едомски, страв и трепет ќе ги обзема кнезовите моавски, ќе се уплашат сите жители ханански. Нека ги опфати страв и ужас; од силата на раката Твоја нека онемеат како камен, додека не помине народот Твој, Господи, додека не помине народот овој Твој, кого со го придобил. Одведи го и смести го во планините, наследството Твое, во место, кое Ти, Господи, си го приготвил за живеалиште Свое, во светилиштето создадено со рацете Твој, Господи! Господ ќе царува секогаш и во вечност. Кога коњите Фараонови со колите негови и со коњаниците негови влегоа во морето, Господ ги поврати врз нив водите морски: а синовите Израилеви поминаа по суво среде море.« И пророчицата Маријам, сестрата Аронова, зеде тимпан во раката своја, а по неа излегоа сите жени со тимпани и во хор. И запеа Маријам пред нив: »Пејте Му на Господа, зашто славно се прослави: коњот и коњаникот в море ги фрли.« Потоа ги изведе Мојсеј синовите Израилеви од Црвеното Море, и тие се упатија во пустињата Сур; и одејќи низ пустињата три дена не најдоа вода за пиење. Дојдоа во Мера, но не можеа да пијат вода во Мера, зашто беше горчлива; затоа и го нерекоа тоа место Мера. Тогаш народот почна да вика против Мојсеја, велејќи: »Што ќе пиеме?« Извика Мојсеј кон Господа, и Господ му покажа дрво. Тој го фрли дрвото во вода, и водата стана слатка. Таму му даде наредби и закони, и таму го подложи на испитание. И му рече: »Ако го послушаш добро гласот на Господа твојот Бог, ако правиш, што е угодно пред очите Негови, ако ги слушаш заповедите Негови, ако ги пазиш сите наредби Негови, нема да ти пратам ниедна од болестите, што ги пратив над Египет. Зашто Јас сум Господ, Бог твој целител.« Потоа стигнаа во Елим; таму имаше дванаесет извори и седумдесет палми; и сите се утаборија тука крај водите. Од Елим се кренаа и целата заедница на синовите Израилеви дојде во пустињата Син, која се наоѓа меѓу Елим и Синај, во петнаесеттиот ден од вториот месец, откако излегоа од земјата Египетска. И почна да се буни целата заедница на синовите Израилеви против Мојсеја и против Арона. И им рекоа синовите Израилве: »О, да бевме умреле од раката Господова во земјата Египетска, кога седевме покрај котлите со месо и јадевме леб до насит! Нѐ изведовте овде во оваа пустиња, за да го умрете целово ова множество со глад.« А Господ му рече на Мојсеја: »Еве, ќе пуштам да паѓа леб од небото, и народот нека излегува секој ден и нека собира колку што е потребно за тој ден, за да го испитам ќе постапува ли според законот Мој или не; а во шестиот ден кога ќе го зготват она, што го собрале, и тоа ќе биде двојно од она, што го собираат секој ден.« Тогаш Мојсеј и Арон му рекоа на целиот збор на синовите Израилеви: »Вечерва ќе познааете дека Господ ве изведе од земјата Египетска, а утре ќе ја видите славата Господова; зашто Господ го чу негодувањето ваше против Бога. Што сме ние, та да се буните против нас?« Потоа рече Мојсеј: »Вечерва Господ ќе ве даде месо да јадете, а утре изутрина леб до наситка; оти го чу Господ повикот ваш, што го дигнавте против Него. Кои сме ние? Вашиот повик не е против нас, туку против Бога.« И му рече Мојсеј на Арона: »Кажи му на целото општество на синовите Израилеви –,застанете пред Бога, зашто Он го чу повикот ваш.« И кога Арон му зборуваше на целото општество на синовите Израилеви, тие погледнаа кон пустињата, а тоа – славата Господова се појави во облак. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Го чув негодувањето на синовите Израилеви. Кажи им и речи: ‚Вечерва ќе јадете месо, а утре ќе се наситите со леб, и ќе познаете дека јас сум Господ, Бог ваш.‘« Вечерта долетаа потполошки и го прекрија таборот; а утрината беше паднала роса околу таборот. И, ете, кога се крена росата, а тоа – по пустињата лежи нешто ситно, како коријандер, зрнесто, бело како слана по земјата. И кога видоа синовите Израилеви, си велеа еден на друг: »Што е ова?« Оти не знаеја, што беше тоа. А Мојсеј им рече: »Тоа е лебот, што ви го даде Господ да го јадете.« Еве како заповеда Господ: »Собирајте од него, секој колку што му треба за јадење – по еден гомор на лице, според бројот на членовите ваши; секој од вас со домашните собирајте.« И направија така синовите Израилеви: собираа кај повеќе кој помалку. Па мереа со гомор; и кој беше собрал повеќе, излишок немаше, а оној помалку, – немаше недостиг; секој собра онолку, колку што му требаше, и им рече Мојсеј: »Никој да не остава од тоа за утре!« Но тие не го послушаа Мојсеја, туку некои оставија од тоа за утре, а тоа мувлоса и се смириса. И се налути Мојсеј на нив. И така тие го собираа секое утро рано, секој колку што имаше потреба; а кога сонцето ќе изгрееше, маната се топеше. А во шестиот ден собраа од тој леб двојно повеќе – по два гомора за секого. И дојдоа старешините народни, па му јавија на Мојсеја. А Мојсеј им рече: »Еве ја заповедта што ја кажа Господ – утре е саботен ден, свет одмор за Господа; што ќе печете – печете, и што треба да варите – варете денес; а што ќе преостане, соберете го и пазете го за утре!« И оставија од него за утре, оти како што заповеда Мојсеј, и тоа не се смириса, ниту имаше црвја во него. И рече Мојсеј: »Јадете го тоа денес, бидејќи е денес сабота посветена на Господа; денес нема да најдете мана во полето. Шест дена ќе собирате, а седмиот ден е сабота, тогаш ќе ја нема.« И на седмиот ден излегоа некои од народот да собираат, но не најдоа. А Господ му рече на Мојсеја: »До кога ќе се противите на заповедите Мои и на законот Мој? Ете, Господ ви дал денес сабота, затоа во шестиот ден и ви дава леб за два дена. Останете секој на своето место, и во седмиот ден никој да не го напушта местото свое.« И се одмараше народот седмиот ден. И синовите Израилеви тој леб го нарекоа мана. Тоа беше као семето коријандрово, бело, а по вкус како медено колаче. Тогаш им рече Мојсеј: »Еве што заповеда Господ: ‚Наполнете еден гомор мана, за да се запази во родовите ваши, за да го видат лебот што го јадевте и со кој ве хранев во пустињата, кога ве изведов од земјата Египетска.‘« И му рече Мојсеј на Арона: »Земи златен сад и стави во него еден гомор мана, и постави го пред Бога, за да се пази од колено до колено ваше.« И го постави Арон пред ковчегот на сведоштвото, за да се чува, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. А синовите Израилеви јадеа мана четириесет години, додека не дојдоа во населена земја; јадеа мана додека не стигнаа до границата на земјата Хананска. А гоморот е десетти дел од ефа. И се крена целото општество на синовите Израилеви, од пустињата Син, по заповедта Господова, и се задржаа во Рафидин; а таму немаше вода да пие народот. И народот го укори Мојсеја, велејќи: »Дај ни вода да пиеме!« А Мојсеј им рече: »Зошто ме укорувате мене? Зошто Го искушувате Господа?« и жеден беше за вода народот таму, па викаше против Мојсеја и велеше: »Зошто не изведе од Египет и нас, и синовите наши, и добитокот наш, за да нѐ помориш со жед?« А Мојсеј се обрна кон Господа и рече: »Што да правам со овој народ? Уште малку, па ќе ме каменуваат.« Но Господ му рече на Мојсеја: »Излези пред народот, и поведи ги со себе старешините народни, земи го во раката и стапот свој, со кој го раздвои морето, па појди. А Јас ќе стојам онаму кај карпата на Хорив пред доаѓањето твое; а ти тогаш удри во карпата, и од неа ќе потече вода и народот ќе пие.« И направи Мојсеј така пред синовите Израилеви. И тоа место го нарече Маса и Мерива, поради подбивот на синовите Израилеви што Го искушуваа Господа, велејќи: »Дали е Господ меѓу нас, или не е?« Но тогаш дојдоа Амаликијците и се биеја против Израилците во Рафидин. А Мојсеј, пак, му рече на Исуса: »Избери си луѓе силни, па излези и бори се утре против Амаликијците; а јас ќе застанам на врвот од гората и стапот Божји ќе ми биде в рака.« И направи Исус, како што му рече Мојсеј, и излезе против Амаликијците; А Мојсеј, Арон и Ор се искачија на врвот од гората. И кога Мојсеј ги креваше рацете угоре – надвладуваа Израилците, а кога ги спушташе рацете – надвладуваа Амаликијците. Но рацете на Мојсеја му отежнаа; затоа зедоа камен и го ставија под него, па седна на него: а Арон и Ор ми ги потпираа рацете: еден од една страна, а другиот – од другата. Така стоеја рацете Мојсееви кренати до зајдисонце. И го победи Исус Амалика и неговиот народ со остар меч. Потоа му рече Господ на Мојсеја: »Запиши го тоа за спомен во книгата, и објасни му на Исуса да помни дека сосема ќе го избришам споменот за Амалика од под небото.« Тогаш Мојсеј подигна жртвеник, и го нарече Јехова Ниси, односно Господ прибежиште мое, »бидејќи, рече тој, рака се кренала на престолот Господен, Господ ќе војува против Амалика од колено на колено.« А Јотор, свештеникот медијамски, тестот Мојсеев, чу за се што направи Господ за Израилот, народот Свој, како го изведе Господ Израилот од Египет. И ја зеде Јотор, тестот Мојсеев, Сепфора, жената Мојсеева, која беше ја вратил, и двата сина нејзини: на едниот името му беше Гирсам, оти Мојсеј велеше: »Придојден сум во земја туѓа,« а на вротиот името му беше Елиезер, бидејќи рече: »Бог на таткото мој ми се најде на помош и ме избави од рацете Фараонови.« И Јотор, тестот Мојсев, тргна со синовите негови и со жената негова при Мојсеја во пустињата, каде што се беше утаборил на планината Божја, па го известија Мојсеја, велејќи: »Ете, тестот твој Јотор, иде кај тебе, иде и жената твоја, и обата сина нејзини со неа.« И Мојсеј му излезе во пресрет на тестот свој и му се поклони, и го целива; па откако се поздравија еден со друг, го воведе Мојсеј под шаторот свој. И му раскажа Мојсеј на тестот свој за се што направи Господ со Фараонот и со сите Египтјани поради Израилците, и за сите тешкотии што ги снајдуваа патем, и како Господ ги избави од рацете Фараонови и од рацете египетски. И се зарадува Јотор за сите добрини што му ги направи Господ на Израилот, спасувајќи го од рацете на Египтјаните и од рацете Фараонови. Тогаш Јотор рече: »Нека е благословен Господ, Кој ве избави од рацете на Египтјаните и од рацете Фараонови! Сега знам дека е Господ поголем од сите богови, и тоа токму во она, со што тие се превознесуваат.« Потоа Јотор, тестот Мојсеев, Му принесе на Бога сепаленица и жртви. Тогаш дојде и Арон и сите старешини Израилеви, и јаде леб со тестот Мојсеев пред Бога. А утредента седна Мојсеј да му суди на народот; и сиот народ стоеше пред Мојсеја од утрото до вечерта. И Јотор, гледајќи сѐ што прави со народот, рече: »Што правиш така со народот? Зошто само ти седиш, а сиот народ стои од утро до вечер?« А Мојсеј му одговори на тестот свој: »Народот доаѓа при мене за да бара суд од Бога. Кога ќе им се случи некоја работа, тие доаѓаат при мене, и јас пресудувам помеѓу нив, а има меѓу нив недоразбирања, и им ги кажувам наредбите Божји и Законот Негов.« Но тестот Мојсеев му рече: »Не е добро тоа, што го правиш ти. Ќе се измориш и ти и сиот народ, кој е со тебе; оти таа работа е многу тешка за тебе; ти сам не можеш да ја извршуваш. Туку послушај ме сега и ќе те посоветувам, и Бог ќе биде со тебе; ти биди посредник пред Бога за народот, и работите нивни соопштувај Му ги на Бога: Учи ги на наредбите Божји и на законит Негов, и покажувај им го патот Негов, по кој треба да одат и делата што треба да ги вршат. А ти од сиот народ одбери способни луѓе, кои се плашат од Бога; луѓе справедливи, кои мразат горделивост, па постави ги над нив како илјадници, стотници, педесетници, десетници и писари. Тие нека му судат на народот во секое време и да те известуваат за секое потешко дело; а за сите мали работи тие самите нека пресудат. Така ќе ти биде полесно и тие тебе ќе ти помагаат. Ако го направиш тоа, и Бог ти го одобри тоа, тогаш ќе можеш да истраеш, и сиот тој народ ќе си оди мирно во своето место.« И го послуша Мојсеј тестот свој, и направи се, како што му рече. И избра Мојсеј од сиот Израил луѓе способни, па ги постави: илјадници, стотници, педесетници и десетници. И тие му судеа на народот во секое време, а за тешките работи му кажуваа на Мојсеја; за сите мали работи, пак, судеа сами. Потоа го ослободи Мојсеј тестот свој, и тој си отиде во земјата своја. Во првиот ден од третиот месец, откако излегоа синовите Израилеви од земјата Египетска, во ден на млад месец, стигнаа во пустињата Синајска. Кревајќи се од Рафидин, дојдоа во пустињата Синајска, и се утабори Израил таму спроти гората. И Мојсеј се искачи на гората при Бога, и го повика Бог, велејќи: »Кажи му на домот Јаковов, и извести ги синовите Израилеви: ‚Сами видовте што им направив на Египтјаните и како ве изнесов, како на крилја орлови ве приведов при Себе. Па сега, ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот мој, ќе ми бидете народ избран меѓу сите народи, зашто Моја е земјата цела. И вие ќе ми бидете царство на свештеници и народ свет.‘ Тоа се зборовите, што ќе им ги кажеш на синовите Израилеви.« Потоа Мојсеј дојде и ги повика старешините народни; и им ги изложи сите овие зборови, што им ги заповеда Господ. И сиот народ одговори еднодушно и рече: »Се што рекол Господ ќе направиме и ќе послушаме.« Тогаш Мојсеј му ги соопшти на Господа зборовите народни. А Господ му рече на Мојсеја: »Еве, Јас ќе дојдам кај тебе во столб облачен, за да чуе народот, како ќе зборувам со тебе, па да ти поверува засекогаш.« Оти Мојсеј му ги беше соопштил на Господа зборовите народни. И му рече Господ на Мојсеја: »Слези од гората при народот и објасни им и очисти го денес и утре, и нека ги исперат облеките свои; и нека се приготват за третиот ден, зашто во третиот ден ќе слезе Господ на гората Синајска пред сиот народ, а ќе поставиш граници за сиот народ од сите страни и ќе им кажеш: ‚Пазете да не се качувате на планината и да не се допирате до подножјето нејзино; секој, кој ќе се допре до гората, ќе биде предаден на смрт. Никаква рака да не се допре до неа, туку со камења да биде убиен или со стрела да биде застрелан; добиток ќе е или човек, жив да не остане. А кога трубата ќе затруби отегнато, кога облакот ќе се крене од планината, тогаш ќе можат да се качат на гората.‘« И Мојсеј слезе од гората кај народот; и го очисти народот, и тие ги испраа облеките свои. И му рече на народот: »Бидете готови и за три дни не приближувајте се до жените!« А третиот ден, пред осамнувањето, загрме и молњи засветкаа, и настана густ облак над гората Синајска, и затруби труба со многу силен глас, така што затрепери сиот народ, кој беше утаборен. Тогаш Мојсеј го изведе народот од таборот, за да Го пресретне Бога, и застана во подножјето на гората. А гората Синајска целата беше во дим, зашто Господ беше слегол над неа во оган; и дим се креваше од неа, како дим од печка, и се уплаши сиот народ; и гласот на трубата стануваше се посилен. Мојсеј зборуваше, а Господ му одговараше гласно. И Господ слезе на гората Синајска, на врвот од гората, и го повика Господ Мојсеја на врвот од гората. Мојсеј се искачи. Тогаш Бог му рече, велејќи: »Слези и кажи му на народот да не навалува за да Го види Господа, та да не изгинат мнозина од нив; а свештениците, кои Му пристапуваа на Господа Бога, нека се осветат, за да не ги погуви Господ.« Тогаш Мојсеј Му рече на Бога: »Не ќе може народот да се качи на планината Синајска, бидејќи Ти изрично не опомена, велејќи – омеѓи ја гората и освети ја.« Но Господ му рече: »Оди, слези, па тогаш качете се ти и Арон по тебе; а свештениците, пак, и народот нека не се трукаат да се качат при Господа, за да не ги погуби.« И слезе Мојсеј кај народот и им објасни. Тогаш Господ Бог ги кажа сите овие зборови кон Мојсеја, велејќи: »Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството. Немој да имаш други богови освен Мене! Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител, Кој за гревовите на татковците ги казнуваа децата до третото и четвртото колено, оние, кои Ме мразат; Кој покажува милост на илјадници, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои. Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог, бидејќи Господ нема да го остави неказнет оној, кој напразно ќе го изговори името Негово. Помни го денот саботен, за да го празнуваш. Шест дена работи, и сврши ги во нив сите работи свои; а седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни волот твој, ни ослето твое, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе. оти за шест дена ги создаде Господ небото и замјата, морето и сѐ што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети. Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да ти биде добро и да поживааш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог. Не убивај! Не врши прељуба! Не кради! Не сведочи лажно против својот ближен! Не пожелувај ја жената на ближниот свој, не пожелувај го домот на ближниот свој, ниту нивата негова, ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни ослето негово, ни секаков добиток, ниту нешто друго, кое е на ближниот твој!« И сиот народ ги слушаше молњите и гласот на трубата што трубеше и ја гледаше гората што се димеше; и како се исплашија, сите луѓе отстапија и се оддалечија малку. Па му рекоа на Мојсеја: »Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме; но да не ни зборува нам Бог, за да не умреме.« А Мојсеј им рече: »Не плашете се: Бог дојде за да ве испита и стравот Негов да биде во вас, за да не грешите.« И народот стоеше подалеку, а Мојсеј појде кон мракот, каде што беше Бог. И му рече Господ на Мојсеја: »Вака кажи му на домот Јаковов и извести ги синовите Израилеви: ‚Вие видовте како Јас зборував со вас од небото.‘ Не правете си сами богови сребрени, ниту богови златни, не правете сами за себе. Направете ми жртвеник од земја и на него принесувајте ми жртви сепаленици и жртви спасителни; овци и јунци ваши, на секое место, каде што ќе определам да се спомнува името Мое, ќе дојдам кај тебе и ќе те благословам. Ако ми направиш жртвеник од камен, немој да го ѕидаш со делкан камен; зашто, штом ќе повлечеш по него со сечиво, ќе го оскверниш. И да не се качуваш по стапалата до жртвеникот Мој, за да не се открие на него голотијата твоја.« А ова се законите, што ќе им ги објавиш: »Ако купиш роб Евреин, шест години нека ти служи, а седмата нека си оди слободен, без откуп; ако дошол сам, сам нека си оди; а ако има жена, нека оди и жената со него; ако, пак, неговиот господар му дал жена, и таа му родила синови или ќерки, жената и децата нека останат на господарот негов, а тој нека си оди сам; но, ако робот одговарајќи, рече: ‚Го сакам господарот мој, жената моја, и децата мои; не сакам да одам и да бидам слободен.‘ тогаш таквиот господарот негов нека го доведе пред судот Божји и нека го постави пред вратата или на прагот и таму господарот негов да му го продупчи увото со шило, та да му остане вечен роб. Ако некој ја продаде ќерката своја за робинка, таа да не си оди како што одат робинките; ако не му се свиди на господарот нејзин, за која ветил дека ќе ја земе за жена, нека ја отпушти. Но нема право господарот да ја продаде на туѓ народ, кога сам ја отфрлил; ако, пак, ја свршил за синот свој, нека ѝ го даде правото, што го имаат ќерките; ако земе друга за себе, првата не смее да ја лиши од храна, облека и сопружничка должност. Не ѝ направи ли една од овие три работи, тогаш нека си оди од него дарум, без откуп. Кој ќе удри човек и тој умре, со смрт да се казни. Но, ако тоа не го направи намерно, а Бог допуштил да падне во негови раце, тогаш ќе ти определам место, каде што може да побегне убиецот. Ако некој, пак, намерно го нападне својот ближен, со цел да го убие на измама, и се засолни при жртвеникот Мој, одвлечи го и од жртвеникот Мој, за да умре. Кој ќе го удри таткото свој или мајката своја, да се погуби. Кој го злоставува таткото свој или мајката своја, со смрт да се казни. Ако некој украде некого од синовите Израилеви и го продаде или се најде во негови раце, откако го заробил, со смрт да заврши. Кога двајца мажи се скараат, па еден од нив удри друг со камен или со тупаница, но тој не умре, туку легне во постела, па, кога ќе стане, макар и со стап да се потпира, на оној што удрил нека му е просто; само денгубата да му ја надомести и за лекувањето да плати. А кој ќе удри роб свој или робинка своја со стап, и тие умрат од неговата рака, нека биде виновен пред судот; но, ако тие преживеат ден или два, да не е виновен, бидејќи тие се негов имот. Кога луѓето се бијат, па некој од нив удри бремена жена, така што таа пометне, но не дојде до смрт, да плати глоба, колку ќе определи мажот на жената; а да ѝ плати колку ѝ припаѓа; ако, пак, плодот бил оформен, тогаш нека се даде живот за живот; око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога, изгоретина за изгоретина, рана за рана, повреда за повреда. Ако некој го удри робот свој во окото, или робинката своја во окото, и ги ослепи, да ги пушти на слобода заради окото; или, ако му скрши заб на робот свој, или на робинката своја, да ги пушти на слобода заради забот. Ако вол убоде маж или жена, па умре, волот да се отепа со камења и месото од него да не се јаде; но господарот на волот нема да биде виновен; Но, ако волот бил и порано бодлив, а господарот негов знаел за тоа и не го пазел, па убие маж или жена, волот да се убие со камења, и господарот негов заедно со него да се предаде на смрт. Ако, пак, му се наложи откуп за животот свој, нека плати откуп, колку што ќе му се определи. Син ли прободе или ќерка, со него да се постапи според истиот закон. Прободе ли, пак, волот роб, или робинка, тогаш на господарот нивни да му се платат триесет сикли сребро, а волот да се убие со камења. Ако некој открие јама, или пак ископа јама и не ја покрие, и падне во неа јунец или осел, сопственикот на јамата треба да ги надомести; на господарот ќе му даде сребро, а трупот тогаш ќе биде негов. Кога нечиј вол смртно убоде вол на друг човек, и тој умре, тогаш да го продадат волот жив и парите да ги поделат, а исто така да го поделат и убиениот вол; ако, пак, се знаело од порано, дека волот бил бодлив, и му е кажано на господарот негов, а тој не го пазал, да даде вол за вол, а убиениот нека му остане нему. Ако некој украде јунец или овца и ја заколе, или ја продаде, да даде пет јунци за еден јунец и четири овци за една овца. Ако се фати крадец, како поткопува и ранет умре, тоа не се смета за убиство. Но, ако сонцето веќе се појавило над него, виновен е за крв. И крадецот штетата мора да ја надомести. А, ако нема ништо, тогаш тој треба да биде продаден за својата кражба. Ако кај фатениот се најде она, што го украл, во неговата рака живо, било осел или овца, да го врати двојно. Ако некој уништи нива, или лозје, пуштајќи го добитокот свој да пасе во туѓа нива, да ја надомести штетата за целата нива, да надомести со најдоброто од својата нива и најдоброто од своето лозје според плодот од својата нива; ако ја уништи. Ако се појави оган, па тој го зафати трњето, и се запали гумното, или класјето или нивата, оттогаш оној, кој го предизвикал пожарот, да плати. Кога некој му даде на ближниот свои пари или предмети на чување, и тие бидат украдени од домот негов, крадецот, ако се фати, ќе плати двојно; во случај, пак, крадецот да не се фати, тогаш сопственикот на куќата нека се јави пред Бога, па нека се заколне дека тој не посегнал врз имотот на ближниот свој. За секоја изречена неправда: за јунец, осел, овца, облека, за секој изгубен предмет, за кој некој рече дека е негов, нивниот спор треба да дојде пред Бога: па кого ќе го осуди Бог, тој нека му плати на ближниот двојно. Ако некој му даде на чување на ближниот свој осел, или јунец, или овца, или некој друг добиток, и тој добиток пцовиса, или загине, или, пак, биде запленет, а никој да не го види, тогаш меѓу нив нека одлучи клетвата пред Господа, дека оној не посегнал врз имотот на својот ближен, и ако сопственикот така го прими, не се надоместува; ако, пак, му биде украден, тогаш нека му плати на сопственикот негов. А ако е изеден од ѕверка, да донесе доказ за тоа и да не плаќа ништо. Ако некој од ближниот свој добие на услуга – живинче, па тоа загине или пцовиса, или биде загинато, а сопственикот не бил со него, ќе мора да се плати; но, ако сопственикот биде со него, да не се плаќа. Ако бил момок, да го плати само наемот. Кој измамил несвршена девојка, и биде со неа, да ја дарува и да ја заме за жена; а ако таткото нејзин одбие и не сака да му ја даде, да одмери сребро на татка ѝ колку што следува за мираз на девојката. Вражачи да не оставате живи. Кој ќе згреши со добитокот, со смрт да се казни. Кој принесува жртви на други богови, освен на Единиот Господ, со смрт да се истреби. На придојден немој да му правиш неправда, ниту да го угнетуваш, зашто и вие бевте придојдени во земјата египетска. Не навредувајте ни вдовици ни сираци; ако ги навредиш и тие, негодувајќи се обрнат кон Мене, ќе го чујам повикот нивни, и ќе се распали гневот Мој, па со меч ќе ве убијам, и жените ваши ќе останат вдовици, и децата ваши – сираци. Кога на заем ќе дадеш пари на некој сиромашен брат што е при тебе, не присилувај го и не наложувај му лихва. Ако земеш во залог облека од пријателот твој, врати му ја до зајдисонце; оти таа му е покривка, таа му е едина облека на телото негово: со што ќе спие? И кога ќе повика кон Мене, Јас ќе го чујам, бидејќи сум милостив. Немој да ги злоставуваш судиите, ни за старешините на твојот народ да не зборуваш лошо. Не воздржувај се да ги принесеш првите плодови од жетвата и лозјето; дај Ми ги првородените од синовите твои. Така и со јунецот твој, и со овцата твоја, и со оселот твој; седум дена нека бидат при мајката своја, а во осмиот ден дај Ми ги Мене. И ќе Ми бидете свет народ. Затоа и месо од растргнато животно да не јадете; фрлај им го на кучињата.« »Не примај лажни изјави; не мешај се со неправедни, за да сведочиш криво. Не оди со мнозинството на зло и не согласувај се со мнозинството против правдата, поведувајќи се по мнозинството. На сиромавиот со неговиот спор не гледај што е сиромав. Ако сретнеш вол на непријателот, или осел заскитан, одведи го кај него. Ако видиш дека на непријателот твој му паднал оселот под товарот негов, немој да го одминуваш, но да му помогнеш да се крене со него. Немој да ја извртуваш правдата на сиромавиот твој во спорот негов. Оддалечувај се од неправдата и не убивај невин праведен, бидејќи Јас нема да го оправдам беззаконикот. Не земај подароци, зашто подароците ги заслепуваат очите на оние што гледаат и ги извртуваат делата на праведните. Не навредувајте и не вознемирувајте придојден: вие знаете каква му е душата на придојдениот, оти и самите бевте придојдени во земјата Египетска. Шест години сеј ја земјата своја и собирај ги плодовите нејзини, а седмата – остави ја нека отпочине, за да се хранат сиромасите на твојот народ; а со она, што ќе остане по нив, нека се хранат ѕверовите полски; така прави и со лозјето твое и со маслинарникот твој. Шест дена врши ги работите свои, а во седмиот ден отпочини, за да здивне волот твој и ослето твое, и да се одмори синот на робинката твоја, како и придојдениот. Пазете го сето она, што ви го кажав. Не спомнувајте ги имињата на туѓите богови; ова да не се чуе од устата ваша. Трипати годишно прославувај Ме со празник: пази го празникот Бесквасници; седум дена јади бесквасни лебови, како што ти заповедав, во определеното време во месецот Авив, зашто во тој месец си излегол од Египет; да не се јавуваш пред Мене празен; и празникот на жетвата од првите плодови од твојот труд, што си ги посеал на нивата твоја, и празникот на брањето плодови на крајот од секоја година кога го собираш трудот свој од нивните твои. Трипати преку годината сите твои од машки пол треба да се јавуваат пред Господа, твојот Бог. Крвта од жртвата Моја да не се излива врз леб, и месото од Мојата празнична жртва да не се остава до изутрина, кога ќе ги истераш незнабошците од пред тебе и ги прошириш пределите свои. Првите плодови од жетвата на земјата твоја принесувај ги во домот на Господа, твојот Бог. Немој да вариш јагне во млеко од мајката негова. Еве, Јас го праќам пред тебе Ангелот Мој, за да те пази по патот, и да те воведе во земјата што сум ти ја приготвил. Пази се и послушај Го и не противи Му се, оти и Он нема да ви го прости гревот, бидејќи името Мое е во Него. Ако го послушаш гласот Мој и извршуваш си што ќе ти заповедам, и го пазиш заветот Мој, ќе Ми бидете избран народ меѓу сите народи; Моја е целата земја, а вие ќе Ми бидете царско свештенство и народ свет. Овие зборови да им ги кажеш на синовите Левиеви, свештениците; и ако го послушате гласот Мој, и ако го извршувате сѐ она што ќе ви речам, ќе им бидам непријател на непријателите твои и противник на противниците твои. Кога Ангелот Мој ќе појде пред тебе и те одведе во земјата на Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Хананејците, Гергесејците, Евејците и Јевусејците, и Јас ќе ги истребам пред лицето ваше. Немој да им се клањаш на боговите нивни, ни да им служиш, ниту да правиш што тие прават, туку урни ги ликовите нивни уништи ги. Служи Му на Господа, твојот Бог, па ќе го благословам лебот твој, и виното твое, и водата твоја; и ќе отстранам од вас секакви болести. Бездетни и неплодни нема да има во земјата твоја; а ќе направам бројот на деновите твои да бидат полни. И ќе го пуштам ужасот Мој што те води, и ќе го уплашам секој народ, на кој ќе наидеш, и ќе ги свртам кон тебе грбовите на сите непријатели твои. Ќе пратам пред тебе и стршлени, и ќе ги изгонам Аморејците, Евејците, Хананејците, Јевусејците и Хетејците. Нема да ги истерам пред тебе за една година, за да не се запусти земјата и ѕверовите полски да не се размножат против тебе. Малку по малку ќе ги изгонувам пред тебе, додека не се намножиш и не завладееш со земјата. И ќе ти ја поставам границата твоја од Црвеното до Филистејското Море, и од пустињата до големата река Ефрат, и ќе ви ги предадам во рацете оние, кои живеат во таа земја, за да ги истераш пред тебе. Не мешај се со нив, и со боговите нивни да не сврзуваш завет. Да не останат во земјата твоја, за да не те наведат на грев против Мене; зашто, ако им служиш на боговите нивни, тие ќе ти бидат соблазан за тебе.« И му рече Бог на Мојсеја: »Качи се при Господа ти и Арон, Надав и Авиуд и седумдесетте старешини Израилеви и поклонете Му се оддалеку на Господа; и да пристапи Мојсеј сам до Господа, но тие, пак, да не пристапуваат, и народот со нив да не се искачува.« Дојде Мојсеј и му ги повтори на народот сите зборови Божји и сите заповеди. И сиот народ одговори во еден глас, и рече: »Сите зборови што ги кажал Господ ќе ги помниме и ќе слушаме.« И ги напиша Мојсеј сите зборови Господови, па станувајќи утредента рано, подигна жртвеник под гората, и дванаесет столбови за дванаесетте Израилеви племиња, и прати младичи од синовите Израилеви, и тие принесоа жртви сепаленици и жртви мирни на Господа Бога. Потоа Мојсеј зеде половина од крвта и ја налеа во чаша, а другата половина од крвта ја изли на жртвеникот; па ја зеде книгата на заветот и му ја прочита гласно на народот, а тие рекоа: »Сѐ, што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни.« Тогаш Мојсеј ја зеде крвта, и го попрска со неа народот, велејќи: »Ова е крвта на заветот, кој го постави Господ со вас за сите оние зборови.« И се искачија потоа Мојсеј и Арон, Надав и Авиуд, и седумдесетте старешини Израилеви горе и го видоа местото каде што стоеше Бог Израилев; а подножјето Негово како да беше од Камен сафир, со сјај како сводот небески по чистота. И не се повреди никој од избраните меѓу синовите Израилеви: тие Го видоа местото на Бога, па јадеа и пиеја. И му рече Господ на Мојсеја: »Качи се при Мене на гората и остани тука; ќе ти дадам камени плочи со закон и заповеди, што ги напишав за да им бидат закон.« Тогаш стана Мојсеј со Исуса, неговиот помошник, и се искачија на гората Божја, а на старешините им рекоа: »Почекајте тука во молчење додека се вратиме при вас; а, ете, Арон и Ор се со нас, па, ако има некој нешто за судење, нека оди при нив.« И се искачи Мојсеј на гората, а облак ја покри планината, и беше слава Господова на гората Синајска; и облак ја покриваше шест дена; а во седмиот ден го повика Мојсеја пред облакот. А славата Господова се гледаше како оган што гори на врвот од гората пред синовите Израилеви. И Мојсеј влезе среде облакот и се качи на гората; и остана таму Мојсеј четириесет дена и четириесет ноќи. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви да Ми соберат прилог: земете прилог кој од драго срце Ми дава. А прилогот што ќе го земете од нив да биде: злато, сребро и бакар; преѓа сина, црвена и темноцрвена како вткаен висон и козина; и убави кожи овнешки црвени, кожи сини и дрво ситим; масло за светење, и мириси за маслото за помазание и за мирисно кадило; камења оникс и камења за украсување на ефодот и наградникот. Да Ми направите светилиште, од каде што ќе ви се јавувам вам. Сѐ, како што ќе ти покажам Јас на планината: и образецот на скинијата, и образецот на сите нејзини сосуди – така да направат. Направи ковчег на сведоштвото од дрвото ситим, во должина од два лакта и пол, а во ширина на еден и пол лакот, и во висина еден и пол лакот; и позлати го со чисто злато: позлати го одвнатре и однадвор; направи му златен венец околу врвот; и излиј за него четири алки од злато, и постави ги на четирите негови страни: две алки од едната страна и две алки од другата страна. Направи од дрвото ситим лостови, позлати ги со чисто злато, и провлечи ги лостовите низ алките од обете страни на ковчегот, за да се носи на нив ковчегот; лостовите во алките на ковчегот нека стојат, да не се вадат од нив. А во ковчегот положи ги сведоштвата, што ќе ти ги дадам. Направи исто така и очистилиште – поклопец од чисто злато, долго два лакта и пол, а широко еден и пол лакот. И направи два херувима од злато, леани направи ги и постави на двата краја од поклопецот; да се направат херувими: еден од една страна, а втор од друга страна на поклопецот; направи два херувима на обете страни; херувимите да бидат со крилата угоре, та со крилата да го засолнуваат поклопецот, а со лицата свртени еден спроти друг; лицата на херувимите нека бидат свртени кон очистилиштето. И стави го поклопецот одозгора над ковчегот, а во ковчегот положи ги сведоштвата, што ќе ти ги дадам Јас: и тука, над поклопецот, меѓу двата херувима, кои ќе бидат над ковчегот на сведоштвото, ќе ти се јавувам тебе и отаде ќе ти зборувам тебе и за си ќе им заповедам преку тебе на синовите Израилеви. Направи и трпеза од дрвото ситим: долга два лакта, а широка еден лакот, висината да и е лакот и половина. И позлати ја со чисто злато, а направи и златен венец наоколу: и направи пораб и на венецот наоколу исто; а направи за неа и четири алки од злато, и прицврсти ги алките на четирите страни од нејзините четири нозе, под венецот; на страниците нека има алки, за да можат во нив да се стават лостови, па трпезата со нив да се подигнува; направи ги лостовите од дрвото ситим и позлати ги со чисто злато; и со нив ќе се крева трпезата. Направи за неа чинии, кадилници, чаши и црпки, со кои ќе се врши преливање; а ќе ги направиш од чисто злато. На трпезата поставувај ги секогаш лебовите принесени пред Мене. И направи светилник од чисто злато; светилникот нека биде излеан; неговиот столб, неговите гранки и чашки со јаболкца и неговите цветови – и сите тие на него нека бидат; шест гранки нека излегуваат од страните: три гранки од едната страна на светилникот, а три гранки од другата страна на светилникот; три чашки во облик на оревче, со јаболче и цветови нека има едната гранка, и три чашки како бадемов цвет, со јаболче и цветови на другата гранка; и така нека има на шесте гранки, што излегуваат од светилникот, а на самиот светилник нека има четири чашки во вид на орев, јаболкца и цветови; едно јаболче под две гранки, од него, и едно јаболче под другите две гранки, од него, и едно јаболче од другите две гранки, така нека има шест гранки што излегуваат од светилникот, и на светилникот четири чашки во вид на орев. Јаболчињата и гранките нивни од него треба да излегуваат; целиот да биде излеан од чисто злато. И направи му седум кандила, и стави ги кандилата негови да светат од предната негова страна; а и штипките и пепеларките за нив нека бидат од чисто злато направени; од талант чисто злато да ги направиш сите тие сосуди. И гледај да ги направиш според образецот, што ти беше покажан на планината.« »Направи и скинија од десет платништа: од ткаен висон, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина; да направиш и херувими – извезена изработка. Должината на секое платниште нека е дваесет и осум лакти, додека ширината на секе платниште – четири лакти; таа мерка да биде за сите платништа. Петте платништа нека се придржуваат едно со друго, а петте други платништа нека се држат едно со друго. И направи сини врвки по работ на првото платниште, од едната страна за соединување; така направи и по работ на последното платниште: каде што ќе се соединуваа двете половини; педесет врвки направи на едно платниште, и песедет врвки направи по работ на другото платниште, каде што ќе се соединуваат со следното; да бидат едни спроти други, за да можат да се врзуваат. Направи и педесет кукучки од злато и со кукичките соедини го едното платниште со другито; и така скинијата ќе биде целосна. Потоа направи платништа од козина за покривање на скинијата; единаесет такви платништа направи. Едното платниште да е долго триесет лакти, а широко секои платниште, четири лакти; таа мерка да биде за сите единаесет платништа. И соедини ги петте платништа одделно, и шестте платништа одделно; шестото платниште кон влезот во скинијата свиткај го вудве. Направи и педесет врвки по работ на крајот од едното платниште, каде што ќе се соединат, и педесет кукички по работ на крајот од второто платниште, каде што ќе се соединуваат. И направи кукички педесет од бакар и состави ги кукичките со врвките, па соедини ги платништата, за да биде целина. А остатокот од платништата на скинијата превиткај го, нека биде таа половина спуштена над скинијата од задната страна; остатокот, пак, од должината на платништата на скинијата – лакот од едната страна и лакот од другата страна – нека бидат спуштени од страните на скинијата – од едната и од другата страна, за да ја покриват. И направи покрив над скинијата од кожи овнешки, црвено обоени, како и покривала од сини кожи – одозгора. Направи и столбови за скинијата од дрвото ситим: десет лакти нека биде долг секој столб, а лакот и половина широк еден столб; на секој столб нека има по два клина – еден спроти друг; така направи на секој столб за скинијата. Така направи столбови за скинијата: дваесет столбови од страната што е на југ, а под дваесетте столбови направи четириесет подножја од сребро: две подножја на еден столб за обата краја негови, и две подножја под другиот столб за обата краја негови; и дваесет столбови за другата страна на скинијата, од север, со четириесет подножја сребрени: две подножја на еден столб и две подножја под друг столб. А од задната страна на скинијата – што е од кај морето, направи шест столбови. И направи два столба за аглите на скинијата од задната страна; тие да бидат одоздола, а одозгора да се соединуваат со алка; така нека биде со двете; тие нека бидат за обата агла; и така ќе има осум столба со шеснаесет подножја сребрени: по две подножја под еден столб, и по две подножја под друг столб – на обата краја негови. Понатаму направи напречници од дрвото ситим, пет напречни столбови од едната страна на скинијата, и пет напречници на столбот од другата страна на скинијата, и пет напречници на столбот од задната страна на скинијата, што е кон морето; а средниот напречник да минува преку средината на столбот, од едниот крај до другиот. Столбовите позлати ги со злато, а и алките за нив направи ги со злато, во кои ќе со провлекуваат напречниците; па и напречниците да ги позлатиш со злато. Така ќе ја направиш скинијата според образецот, што ти беше покажан на планината. И направи завеса од сина, црвена и од темноцрвена ткаенина и ткаен висон, и на неа нека има уметнички извезени херувими. И закачи ја на четирите столба од дрвото ситим, опковани со злато, нивните врвови златни, а нивните подножја – сребрени. Потоа обеси ја зевесата на кукички, и обеси ја така таму завесата до ковчегот на сведоштвото, и завесата ќе го одделува светилиштето од свјатаја свјатих. И со завеса покриј го ковчекот на сведоштвото во свјатаја свјатих. Намести и трпеза пред завесата и светилник спрема трпезата, од јужната страна на скинијата, а трпезата постави ја на северната страна. И направи завеса за влезот во скинијата од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон. За таа завеса ќе направиш пет столбови од дрвото ситим, опковани со злато и со врвови златни; па ќе им излиеш за нив и пет подножја од бронза. Направи и жртвеник од дрвото ситим – пет лакти долг и пет лакти широк; четириаголен да биде жртвеникот и три лакти висок. А на неговите четири агли направи им рогови, така што роговите да излегуваат од него; и опковај ги со бронза. Потоа направи венец на жртвеникот, покров и чаши за темел и кадило; сите садови направи ги од бакар. И направи му огниште од бакар во вид на мрежа, а на огништето од страните четири агли, направи и четири алки од бакар; и стави ги под огништето на жртвеникот, за да зафаќа огништето до средината на жртвеникот. Направи за жртвеникот лостови, лостови од дрвото ситим, и обви ги со бакар; лостовите да се провлечат низ алките, така што лостовите да излегуваат од двете страни на жртвеникот, за да се носи. Празен ќе го направиш од штици, однатре да биде празен; како што ти беше покажано на гората, така да го направиш. Направи и двор на скинијата. На јужната страна направи завеси од ткаенина, и од висон, сто лакти во должина од едната страна; а за двесетте нивни столбови и подножја од бакар – дваесет; кукичките за нивните столбови и врвовите нивни да бидат сребрени. Исто така и од северната страна завесите да бидат сто лакти долги; и дваесет столбови за нив со дваесет подножја до бакар; кукичките нивни и врвовите на столбовите и подножјата нивни посребрени со сребро. А и по ширина на дворот што е од кај морето да има зевеси, долги педесет лакти; со десет столбови и десет подножја за нив. А на предната страна, кон исток, дворот треба да има завеси, од педесет лакти – со столбови десет и нивни подножја десет. Од петнаесет лакти во висина нека бидат завесите од едната страна, и за нив три столба и три подножја под нив; и од другата страна завеси, од петнаесет лакти, во висина со три столба за нив и три подножја под нив; А за вратата на дворот завесата да е дваесет лакти во висина, од сина, црвена и темноцрвана ткаенина и со ткаен висон ишарана; и четири столба за неа, со четири подножја под нив. Сите столбови за тремот наоколу треба да бидат опковани со сребро; и врвовите нивни да им се сребрени, а подножјата од бакар. Во должина дворот да има сто лакти, во ширина по педесет насекаде, додека во висина пет лакти; ткаенина од висон, а подножјето од бакар. Сите направи и сите орудија во скинијата за општа употреба и сите негови колчиња, и сите колчиња на дворот да се од бакар. И заповедај им на синовите Израилеви да ти донесат елеј, маслинов, за горење, без талог, чист, да гори за светење, за да гори секогаш. Ве скинијата на сведоштвото пред завесата, која е над ковчегот на откровението, Арон и синовите негови нека го палат, да гори пред Господа од вечер до утрина. Тоа нека е вечен закон за поколенијата на синовите Израилеви.« »А ти земи го при себе Арона, братот твој, со синовите негови, за да Ми свештенодејствуваат; Арон и Надав, Авијуд, Елеазар и Итамар – синовите Аронови. И направи му свети одежди на Арона, братот твој, за чест и слава. И кажи им на сите надарени со ум, кои сум ги исполнил со дух на премудрост и расудување, за да му направат на Арона одежди, со кои ќе ми служи во светилиштето. А ова се одеждите што треба да ги направат: наградник, ефод, наметка, везен хитон, кидар и појас. Нека направат свети одежди за Арона, и за синовите негови, во кои ќе Ми свештенодејствуваат. Затоа и овие нека земат злато и ткаенина сина, црвена и темноцрвена и висон; па нека направат ефод од висон ткаен, изработка шарено ткаена. На него два нараменика нека има, кои се врзуваат на двата краја, за да се држат заедно. И ткаењето на ефодот, кој е одозгора, нека биде иста изработка: од злато, од ткаенина сина, црвена и темноцрвана и од висон. И земи два камена смарагд, и изрежи ги на нив имињата на синовите Израилеви: шесте имиња нивни на едниот камен, а другите шест имиња на вториот камен, според нивното племе; со помошта на резбар, преку вешт каменорезец, кој длаби печати, ќе ги изрежеш на тие два камена имињата на синовите Израилеви. Тие два камена потоа стави ги на нарамениците од ефодот, како камења за сопмен на синовите Израилеви: и Арон нека ги носи имињата на синовите Израилеви пред Господа на обете рамења за нивни спомен. Направи и две рамки од чисто злато, потоа две веришки од чисто злато ишарани, направи ги со цветови, па закачи ги плетените веришки на рамките, од нараменикот нивни однапред. И градник судиски направи, везен, направи го како по составот на ефодот: од злато, од ткаенина сина, црвена и темноцрвана и од висон ткаен направи го; четириаголен да биде, двоен, педа долг и педа широк; нареди по него во четири реда скапоцени камења. Во првиот ред: сард, топаз и смарагд, во вториот ред: антракс, сафир и јаспис; во третиот ред: лигур, ахат и аметист; во четвртиот ред: хрисолит, јаспис и оникс. Опточи ги со злато, а нека бидат поставени во златни рамки, да бидат на својот ред. Тие камења со имињата на синовите Израилеви треба да бидат дванаесет, според имињата нивни: нека бидат врежани како печат, со по едно име од бројот на дванаесетте племиња. И на наградникот стави веришки вити, исплетени од чисто злато. Направи и две алчиња златни за наградникот, и двете алчиња прицврсти ги за двата краја на наградникот, па провлечи ги двете златни веришки низ двете алчиња за краевите од наградникот, а другите два краја од двете веришки закачи ги за двете копчиња и стави ги на нарамениците од ефодот, од предната страна. Направи и уште други две алчиња златни, па стави ги на другите два краја од наградникот, од крај в крај на ефодот назад, одвнатре, а направи и две златни алчиња, и прицврсти ги за двата нараменика на ефодот, одоздола, од неговата предна страна, каде што се соединува, над појасот. Потоа алчињата на наградникот нека се врзат за алчињата на ефодот со сина врвка плетена од волна, та да не се одделува наградникот од ефодот. А Арон нека ги носи имињата на синовите Израилеви преку наградникот судиски над срцето свое кога ќе влагува во светилиштето, за спомен пред Бога. А во наградникот судиски стави ги Урим и Тумим; и тие ќе бидат на градите Аронови, кога влегува пред Госдпода; а Арон секогаш ќе го носи над градите свои судот на синовите Израилеви пред Господа. Направи и наметка за ефодот, целата сина; одозгора во средината нека има прорез за главата; и нека биде работ на прорезот наоколу опшиен со ширит ткаен, така што наметката да не се реси; и по полите нејзини направи топченца од сина, црвена и темноцрвана ткаенина, и темен висон наоколку, а меѓу нив и златни ѕвончиња: ѕвонче златно па топче, ѕвонче златно па топче по полите на наметката насекаде наоколу. Неа ќе ја носи Арон, кога ќе служи, за да се слуша гласот од неа кога ќе влегува во светилиштето пред лицето на Господа, а и кога излегува, та да не умре. А направи и плочка од чисто злато, и на неа изрежи како на печат ‚Светиња Господова‘, и да ја поставиш на сина ткаенина за кидарот, да стои од предната страна на кидарот; да биде на челото Ароново, та Арон на себе да ги презема гревовите на приносите, што ги посветуваат синовите Израилеви од сите дарови, што му се принесуваат тие; и така, таа нека биде секогаш на Ароновото чело, за да бидат тие секогаш примени од Господа. Направи и хитон од висон, и кидар од висон; а појасот направи го везен. И на синовите Аронови направи им хитони, направи и кидари, и превивки за главата направи им, за чест и слава. Во тоа облечи го Арона, братот твој, и синовите негови со него; помажи ги, исполни им ги рацете, и освети ги, за да ми бидат свештеници. А направи им и долна облека од лен, да се покрие голотијата од телото нивно, од крстот до бедрата, нека биде, и да ги носи Арон, и синовите негови, кога влегуваат во скинијата на сведоштвото, или кога пристапуваат кон жртвеникот за служба во светилиштето, за да не навлечат грев и не умрат. Тоа е вечен закон за него и за потомството негово по него.« »А еве што да направиш над нив, за да ги посветиш за Мои свештеници да Ми свештенодејствуваат: земи теле од говедата и два овна здрави, и весквасни лебови, замесени со масло, и питки бесквасни намачкани со масло; од брашно пченично направи ги. Стави ги во една кошница, и принеси ги во кошницата, заедно со телето и двата овна. Доведи го Арона и синовите негови пред влезот на скинијата на сведоштвото, и измиј ги со вода. А откако ќе ги земеш светите одежди, облечи го Арона, братот твој, во хитон и во ефод, со ефодот и со наградникот и опаши го преку ефодот; стави му ги на глава кидарот, а на кидарот прицврсти го венецот на светоста. И земи елеј за помазание, излеј на главата негова и помажи го. Потоа доведи ги синовите негови и облечи ги во хитоните. И опаши ги со појаси, и стави им ги кидарите на главата, па свештенството нека им припаѓа вечно. Така ќе ги посветиш рацете на Арона и на неговите синови. Потоа доведи го телето пред врата на скинијата на сведоштвото, и Арон и синовите негови нека ги положат рацете свои врз главата на телето, пред Господа. И заколи го телето пред Господа, при вратата во скинијата на сведоштвото, и земи крв од телето и со твојот прст помажи ги роговите на жртвеникот, а остатокот од крвта, сета излиј ја во подножјето на жртвеникот. Потоа земи го сиот лој што ја обвива внатрешноста, кошулката на црниот дроб и обата бубрега со лојот околу нив, и запали ги на жртвеникот. А месото од телето, кожата негова и нечистотиите изгори ги на оган надвор од таборот. Тоа е жртва за гревот. Потоа земи го едниот овен, и Арон и синовите негови нека ги положат рацете свои врз главата на овенот; па заколи ги, земи крв од него и со неа полиј го жртвеникот од сите страни; овенот, пак, исечи го на делови, измиј ја внатрешноста и нозете негови во вода, и стави ги расечените делови со главата, и изгори го целиот овен на жртвеникот. Тоа е жртва сепаленица пред Господа за мирис благопријатен, жртва на Господа. Земи го потоа и другиот овен, та Арон и синовите негови нека ги положат рацете свои на главата на овенот; заколи ги и земи од неговата крв, па помажи го со неа крајчето од десното уво на Арона, и крајчето на десната рака на Арона, и крајчето и крајот од десното уше на синовите негови, а и палецот на десната рака нивна, и палецот од десната нога нивна; а со крвта, што ќе преостане, попрскај го жртвеникот од сите страни. Потоа земи од крвта, што е на жртвеникот и елеј за помазание, и попрскај го Арона и одеждите негови, и синовите негови и одеждите нивни – па ќе бидат осветени тој и одеждите негови, и синовите негови и одеждите на синовите негови со него; крвта од овенот излиј ја веднаш на жртвеникот наоколу. Освен тоа, земи лој од овенот и лојта што ја обвива внатрешноста негова, како и кошулката од црниот дроб и обата бубрега и лојта што е на нив, и десната плешка; тоа е овен за посветување; и еден леб со масло, и една питка од кошницата со бесквасни лебови, приложена пред Господа. Сето тоа стави го врз рацете на Арона и врз рацете на синовите негови, и принеси го тоа пред Господа како жртва приносна со подигање. Потоа земи им го тоа од рацете нивни, и принеси го на жртвеникот, над жртвата сепаленица, за да биде мирисот благопријатен пред Господа: тоа е принос пред Господа. И земи ги градите од овенот за Ароновото посветување и донеси ги како жртва приносна пред Господа – и тоа ќе биде твој дел. Така ќе ги осветиш градите како жртва вртена и плешките како жртва вознесена, што се оддели од овенот на приносот отсечена за посветување на Арона и на синовите негови; и тоа нека биде за Арона и за синовите негови вечен закон од синовите Израилеви, бидејќи тоа е вознесение; тоа вознесение треба да го прават синовите Израилеви при благодарствените жртви; нивното вознесение е дар за Господа. А светите одежди Аронови по него нека преминат на синовите негови, за да бидат во нив помазувани и во нив да се посветуваат за свештеници. Седум дена нека се облекува во нив великиот свештеник, оној, кој на неговото место ќе биде свештеник од синовите негови, кој ќе влегува во скинијата на сведоштвото за да служи во светилиштето. А овенот за посветување земи го и месото негово свари го на светото место; и Арон и синовите негови нека го изедат месото од тој овен со лебовите од кошницата при влезот во скинијата на сведоштвото. Нека јадат од она што послужило за нивното посветување, рацете да им бидат исполнети со власт и да бидат посветени; но човек друг да не јаде, зашто тоа е света работа; а и ако остане нешто од месото на жртвата за посветување, или од лебовите до изутрина, остатокот изгори го на оган; тоа не треба да се јаде, зашто е осветувано. И направи така со Арона и со синовите си онака како што ти заповедав. Седум дена посветувај ги рацете нивни. Теле заради гревовите да принесуваш во денот на очистувањето; и да го очистиш жртвеникот, кога осветуваш на него, и помажи го за да биде осветен. Седум дена ќе го очистуваш жртвеникот и ќе го осветуваш, и жртвеникот ќе бидеа свјатаја свјатих; секој што ќе се допре до жртвеникот, ќе се освети. А еве што ќе принесуваш на жртвеникот: две јагниња здрави од една година, секој ден на жртвеникот жртва без прекин. Едното јагне принесувај го наутро, а другото принесувај го навечер; и уште по една десетина ефа пченично брашно измешано со четврт ин масло, а за преливање – четврт ин вино, за едно јагне; а другото јагне принесувај го навечер: како утринската жртва, и со си за преливање принесувај го, за да биде мирисот благопријатен принос на Бога. Тоа нека биде постојана жртва во поколенијата ваши пред вратата од скинијата на сведоштвото пред Господа, каде што ќе ти се јавувам, за да зборувам со тебе. И таму ќе им се јавувам на синовите Израилеви, и ќе се осветува местото со славата Моја. А ќе ги осветам скинијата на сведоштвото и жртвеникот; и Арона и синовите негови ќе ги осветам, за да Ми свештенодејствуваат. Ќе пребивам меѓу синовите Израилеви и ќе им бидам Бог, и ќе познаат дека Јас сум Господ, Бог нивни, Кој ги изведов од земјата Египетска за да пребивам меѓу нив. Јас сум Господ, Бог нивни.« »Направи и жртвеник за кадење, од дрвото ситим направи го: должината нека му биде лакот, а ширината лакот, четвороаголен да биде, и два лакта висок; од него нека излегуваат роговите негови; позлати го со чисто злато огништето негово одозгора, од страните наоколу, и роговите негови; направи му плетен венец и златен наоколку; под венецот на двата агли негови направи и две алки од чисто злато на обата агла; низ нив проври лостови, за да може да се носи; лостовите направи ги од дрвото ситим, и позлати ги со злато. Па стави го спреме завесата, која виси пред ковчегот на сведоштвото, од каде што ќе ти се јавувам тебе. А Арон нека кади на него со кадиво направено благопријатно; нека кади над него, кога ја приготвува кадилницата. И кога ќе ги пали Арон кандилата навечер, нека кади над него; нека има постојано кадење пред Господа во поколенијата нивни. Не принесувај над него никакво друго кадиво, ни жртви, ниту приноси, ни преливање не изливајте над него. Арон еднаш во годината нека врши очистување над роговите негови; со жртва за очистување на гревовите негови; со жртва за очистување на гревовите нека се врши очистување во поколенијата нивни, зашто тоа е свјатаја пред Господа.« И уште му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кога ќе ги пребројуваш синовите Израилеви, при вршење преглед, секој нека даде на Господа откуп за душата своја, при нивниот преглед, и нема да има недостаток; а ова е, оние што ќе доаѓаат за пребројување нека даваат по половина дидрахма, според светата дидрахма: во таа дидрахма има дваесет обалии; а половината дидрахма е принос на Господа. Сите што доаѓааат на пребројување, а имаат по дваесет години и нагоре, треба да даваат прнос на Господа. богатити да не дава повеќе, а сиромавиот да не дава помалку од половина дидрахма, кога даваат принос на Господа кога се молите за откуп на душите ваши. А, откако ќе го собереш откупеното сребро од синовите Израилеви, употребувај го за оддржување на скинијата на сведоштвото. Тоа ќе им биде на синовите Израилеви спомен пред Господа за откуп кога се молите за душите ваши!« И уште му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Направи и мијалник од бакар и подножјето негово нека е од бакар, за миење; постави го меѓу скинијата на сведоштвото и жртвеникот и налеј вода во него; и Арон и синовите негови од него нека ги мијат рацете свои и нозете свои со вода; кога влегуваат во скинијата на сведоштвото, нека се мијат со вода, и нема да умрат, или кога пристапуваат кон жртвеникот, да Му служат и да Му принесуваат на Господа жртва сепаленица; тогаш нека ги мијат рацете свои и нозете свои, за да не умрат кога влегуваат во скинијата на сведоштвото. Тоа нека им биде наредба вечна, нему и на потомството негово по него.« Му рече Господ уште на Мојсеја, велејќи: »Земи мириси најубави: цвет смирна чиста – петстотини сикли, миризлива канела половина од тоа – двесте и педесет, и трстика миризлива – исто така двесте и педесет, касија – петстотини сикли, според светата сикла, и елеј маслинов еден ин; и од тоа направи елеј миро за свето помазание; мирото за свето помазание да биде направено со умешноста на мироварец; тоа нека биде-миро за свето помазание. Со него помажи ја скинијата на сведоштвото и ковчегот на скинијата на сведоштвото и сите сосуди нејзини, и светилникот и сите сосуди негови, и жртвеникот за кадење; и жртвеникот, на кој се принесува жртва сепаленица, и сите негови сосуди, и трпезата и сите нејзини сосуди, и мијалникот и подножјето негово. Така ќе ги осветиш, па ќе станат свјатаја свјатих и си што ќе се допре до нив, ќе се освети. Помажи го и Арона и синовите негови, и посвети ги, за да Ми свештенодејствуваат. А на синовите Изарилеви кажи им: овој елеј за помазание нека Ми биде свето миро; за свето помазание на поколенијата ваши. Телото на обичен човек нека не се помазува со него, и не правете за себе такво миро какво што е ова. Тоа е осветено и нека ви остане светост. Ако некој направи такво миро, или помаже друг со него, нека биде истребен од народот свој.« И му рече Господ на Мојсеја: »Земи благопријатни мириси: стакта, оникс, халан миризлив, и ливан чист, од сите работи во еднакви делови, и од нив направи кадиво, миро варено, со умешноста на мироварец, чисто и свето. Па, откако ќе го истолчиш ситно, ставај од него пред откровението во скинијата на сведоштвото, каде што ќе ти се јавувам; тоа нека ви биде голема светост – кадиво. А такво кадиво, какво што ќе го направиш, немојте да правите за себе; тоа нека ви биде светост пред Господа. А, ако некој го направи тоа, за да кади со него, нека биде истребен од народот свој.« И му рече Господ на Мојсеја велејќи: »Ете, го определив по име Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино; и го исполнив преку Духот Божји, Кој му даде умешност, како и знаење да разбира од секакви работи, да гради, да изработува со злато, сребро и бакар; и сина и црвена и темноцрвена волна – ткаени изработки и висон ткаен; да реже камења, да прави дрвени изработки, за секакви потреби. И, ете, го дадов Елијав, синот на Ахисамах, од племето Даново; и на сите способни луѓе им дадов разум да се потврдат да направат си како што ти заповедав: Скинијата на сведоштвото, и ковчегот на заветот, и очистилиштето над него, и сите работи во скинијата и жртвеникот и трпезата со нејзините садови; и трпезата, и светилникот од чисто злато со сите принадлежности негови, и кадилниот жртвеник; жртвеникот за жртви сепаленици со сите потреби негови, и мијалникот и подножјето негово; и одеждите на Арона за служење и одеждите на синовите Аронови, со кои ќе ми свештенодејствуваат; елејот за помазание, и кадивото благопријатно свет состав за светилиштето – си нека направат така, како што ти заповедав.« И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи, заповедај им на синовите Израилеви: пазете ги саботите Мои, зашто тоа е знак меѓу Мене и вас од колено до колено, за да знаете дека Јас сум Господ, Кој ве осветува. Пазете ја, пак, саботата, оти таа е света за Господа и за вас. Кој ќе ја оскверни, да се погуби; бидејќи секој, кој ќе врши некаква работа во тој ден, таа душа нека се истреби од народот свој. Шест дена нека се работи; а седмиот ден е сабота, одмор, свет на Господа; секој, кој ќе работи во саботен ден, нека се предаде на смрт. Затоа синовите Израилеви нека ги пазат саботите, празнувајќи ги во родовите свои. Тоа е знак меѓу Мене и синовите Израилеви довека; зашто во шест дена ги создаде Господ небото и земјата, а во седмиот ден се отпочина и се одмори.« И кога престана да зборува со Мојсеја на планината Синајска, му даде две плочи на сведоштвото, плочи камени, напошани со прст Божји. А народот кога виде дека Мојсеј долго време не слегува од планината, се собра пред Арона, и му рече: »Стани и направи ни богови што ќе одат пред нас, зашто не знаеме што се случи со оној човек – со Мојсеја, кој ни изведе од земјата Египетска.« Арон им рече: »Извадете ги златните обетки од ушите на вашите жени и ќерките ваши, и донесете ми ги!« И сите ги извадија златните обетки, што им беа на ушите на жените нивни, и му ги донесоа на Арона. А тој, откако ги зеде од рацете нивни, ги растопи во калапи и од нив излеа теле. И рекоа: »Еве ги, Израиле, твоите богови, што те изведе од земјата Египетска.« А кога го виде тоа Арон, направи жртвеник спроти него, и изјави и рече: »Утре е празник на Господа.« Утредента, станувајќи рано, принесе жртви сепаленици и жртва за спасение; и испоседна народот, та јадеа и пиеја, и потоа станаа да играат. И му рече Господ на Мојсеја: »Оди поскоро и слези долу, зашто народот твој, кого го изведе од земјата Египетска, појде по пат на беззаконие. Брзо се отклонија од патот, кој им го определи; си направија теле, и му се поклонија, па му принесоа жртви, и рекоа: ‚Ова се, Израиле, товите богови што те изведоа од земјата Египетска.‘ И му рече Господ на Мојсеја: гледам дека оној народ е тврдоглав, но сега остави да се разгори гневот Мој против нив и да ги истребам; а од тебе ќе направам народ голем.« А Мојсеј, се помоли пред Господа Бога, и рече: »Зошто се разгорува, Господи, гневот Твој против народот Твој, кого го изведе од земјата Египетска со сила голема и рака цврста? Зошто Египтјаните да зборуваат и да речат: ‚За зло ги изведе, за да ги убие по планините и да ги истреби од земјата?‘ Нека се смири гневот Твој; и биди милостив поради злобата на народот Твој. Сети се на Авраама, Исака и Јакова, слугите Твои, на кои им рече, велејќи: ‚Ќе го умножам и преумножам потомството ваше колку множеството ѕвезди на небото, и сета оваа земја, за која си рекол дека ќе му ја дадеш на потомството ниво вечно да ја владеат.‘« И Господ се смилува и не му направи зло на народот Свој, како што беше ветил. Тогаш се врати Мојсеј, слегувајќи од планините; во рацете му беа двете плочи на сведоштвото, испишани од двете страни: и на едната страна и на другата страна беше напишано. Плочите беа дело Божјо, и писмото, писмо Божјо, врежано на плочите. А Исус, кога го чу гласот на народот што викаше, му рече на Мојсеја: »Борбен повик е во таборот.« Но тој одговори: »Не е тоа вик на победници, ниту, пак, пискот на победени; туку слушам глас на пијани од вино.« А кога приближи до таборот и го виде телето и игрите, и се разгневи Мојсеј: па ги фрли од рацете свои обете плочи, и ги скрши во подножјето на планината. Потоа го зеде телето, што го беа направиле, и го изгори во оган и го претвори во прав, а правта ја истури во водата, и им даде од неа да пијат синовите Израилеви. И му рече Мојсеј на Арона: »Што ти направи овој народ, та го наведе на толку голем грев?« А Арон му рече на Мојсеја: »Не гневи се, господару мој; ти знаеш за што е склон овој народ. Тие ми рекоа: ‚Направи ни бог што ќе оди пред нас; Мојсеј е човекот што ни изведе од Египет, но не знаеме што стана со него, со оној кој ни изведе од земјата Египетска.‘ А јас им реков: ‚Кој има злато, нека го извади од себе.‘ И го извадија и го донесоа, а јас го фрлив во оган, и го излеав ова теле.« Кога виде Мојсеј дека тој народ станал необуздан – бидејќи Арон беше допуштил да падне во распојасаност за радост на непријателите свои, застана Мојсеј на вратата од таборот, и рече: »Кој е Господов, нека дојде при мене!« И се собраа кај него сите синови Левиеви. И тој им рече: »Еве што вели Господ, Бог Израилев: опашете го секој својот меч на бедрото свое, и појдете по таборот, па навратете од врата до врата, и секој нека го убие братот свој, ближниот свој и соседот свој.« И постапија синовите Левиеви според заповедта Мојсеева: и во тој ден изгина народ до три илјади души. И Мојсеј им рече: »Денес Му ги посветивте рацете свои на Господа за служба: кој на синот свој, кој на братот свој, за да ви даде денес благослов.« А утредента му рече Мојсеј на народот: »Направивте голем грев; и сега ќе појдам горе при Бога, за да молам да ви се прости вашиот грев.« И се врати Мојсеј при Господа, и рече: »Ти се молам, Господи, овој народ направи голем грев, оти си направи бог од злато. И сега прости им го гревот нивни; ако ли, пак, не, тогаш избриши ме и мене од книгата Твоја, во која си ме запишал.« А Господ му рече на Мојсеја: »Оној, што згрешил пред Мене, него ќе го избришам од книгата Моја. Но сега оди, слези и поведи го тој народ во местото, каде што ти реков. Еве, Мојот Ангел ќе оди пред тебе, а кога ќе ги посетам, на нив ќе го навртам гревот нивен.« И го порази Господ народот, затоа што направеното теле го излеал Арон. И му рече Господ на Мојсеја: »Крени се оттука ти и твојот народ, кого го изведе од земјата Египетска и оди во земјата, за која му се заколнав на Авраама, Исака и Јакова, велејќи: на потомството ваше ќе му ја дадам; и ќе испратам пред тебе Ангел Мој, а Он ќе ги изговни Хананејците, Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Гергесејците, Евејците и Јевусејците: и ќе те воведам во земјата, каде што тече мед и млеко; Самиот нема да одам со тебе, за да не те погубам по патот, бидејќи сте вие тврдоглав народ.« А народот кога го чу тој страшен збор, се расплака, во жални облеки. Оти Господ му беше рекол на Мојсеја: »Кажи им на синовите Израилеви: вие сте тврдоглав народ; внимавајте да не наведам на вас друга мака и да ве истребам; а сега соблечете ги од себе свечените облеки и накитот свој, а Јас ќе ви покажам што ќе направам со вас.« И ги извадија накитите и облеките од себе синовите Израилеви на планината Хорив. А Мојсеј го зеде шаторот свој, и го распна надвор од таборот, и се нарече скинија на собранието; и секој што Го бараше Господа, доаѓаше кај скинијата на собранието, која се наоѓаше надвор од таборот. И кога Мојсеј влегуваше во скинијата сиот народ стоеше на вратата од својот шатор, и гледаше по Мојсеја, додека не влезе во скинијата. А кога Мојсеј влегуваше во скинијата, се спушташе столб од облак и се задржуваше пред вратата на скинијата, додека Господ зборуваше со Мојсеја. И сиот народ го гледаше столбот од облак, кој стоеше пред вратата на скинијата; и сиот народ стануваше, и секој се клањаше пред влезот на својот шатор. И тогаш, Господ зборуваше со Мојсеја лице в лице, како што човек зборува со пријател свој. Потоа Мојсеј се враќаше во таборот, а помошникот негов Исус, синот Навинов, младич, не излегуваше од скинијата. И му рече Мојсеј на Господа: »Ете, Ти ми велиш: ‚изведи го тој народ,‘ и не ми јави кого ќе пратиш со мене, иако ми рече: ‚Јас те знам по името и ти најде милост пред Мене.‘ Па, ако, сум нашол милост пред Тебе откри ми се да Те разберам, та и понатаму да најдам милост пред Тебе, и да узнаам дека овие луѓе се Твој голем народ.« И му рече Господ: »Јас Самиот ќе врвам пред тебе, и ќе те успокојам.« А Мојсеј му рече: »Ако Ти Самиот не појдеш со нас, тогаш не изведувај ни одовде, оти, по што ќе познаеме дека јас и народот Твој сме нашле милост пред Тебе, освен по тоа што Ти одиш со нас? И ќе се прославам јас и народот Твој повеќе од сите народи што се на земјата.« И Господ му рече на Мојсеја: »Ќе го направам и тоа, што го кажа, зашто ти најде милост пред Мене, и те познавам повеќе од сите.« Пак рече Мојсеј: »Покажи ми ја славата Своја.« Му одговори: »Ќе одам пред тебе со Моја слава, и ќе те повикам во името Мое: Господ е пред тебе, и кој е за помилување, ќе го помилувам, а кој е за утешение – ќе го утешам.« И потоа рече: »Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив.« И пак рече Господ: »Ене место при Мене, застани на онаа карпа! А кога ќе помине славата Моја, ќе те ставам во пукнатината на карпата, и ќе те засолнам со раката Своја, додека не поминам; а кога ќе ја кренам раката Своја, ти ќе ме видиш од кон грбот, но лицето Мое не ќе ти се открие тебе.« И му рече Господ на Мојсеја: »Изделкај за себе две плочи од камен, како што беа првите, и искачи се кај Мене на планината, а Јас ќе ги напишам на плочите зборовите, кои беа на првите плочи, што ти ги скрши. И биди готов за утре, и качи се горе на планината Синај, и застани пред Мене, на врвот од планината. Но никој нека не се искачува со тебе, ниту да се појавува по целата планина; дури ни овци ни говида да не пасат близу планинава.« И изделка две плочи од камен, како што беа првите, и стана порано Мојсеј утредента рано, па се искачи на планината Синај, како што му заповеда Господ: и ги зеде со себе двете камени плочи. А Господ слезе во облак, и застана пред Него, и го возгласи името Господово. Потоа помина Господ покрај лицето негово и извика: »Господ, Господ, Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински! Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, Кој виновни не очистува, Кој за гревовите на татковците ги казнува децата – дури и внуците до третото и четвртото колено.« А Мојсеј побрза, падна наземи и се поклони на Бога; и рече: »Ако сум нашол милост пред Тебе, Господи, нека оди Господ мој со нас, бидејќи овој народ е тврдоглав; прости ни ги гревовите наши и беззаконијата наши и ќе бидеме Твои.« Му одговори Бог на Мојсеја: »Еве ти поставувам завет тебе: пред целиот народ твој ќе извршам чудеса какви што не биле направени по целата замја и при ниеден народ; и ќе ги видиш сите луѓе, меѓу кои си и ти, дека се чудесни што ќе ти ги направам тебе. Пази го си она, што ти го заповедам тебе; еве, Јас ќе ги изгонам пред лицето ваше Аморејците, и Хананејците, и Хетејците, и Ферезејците, и Евејците и Евусејците; внимавај да не се сојузуваш со оние, кои живеат во земјата, во која ќе влезеш, да не станат соблазни за вас, туку жртвениците нивни урнете ги, и идолите нивни скршете ги; и излеаните богови нивни во оган изгорете ги. И не клањајте се на други богови освен на Господа, бидејќи името Негови е ревниво; Он е Бог ревнител. Не стапувај во сојуз со жителите на таа земја, та, кога ќе се оддаваат на блуд за своите богови и им принесутваат жртва, да не то поканат и тебе да јадеш од нивите жртви. И не земај им од ќерките нивни жени за своите синови, ниту од ќерките свои за нивните синови, та да ни би и ќерките твои, вршејќи блуд за боговите ниви, да ги натераат и синовите твои на блуд за боговите нивни. Не прави за себе лиени богови! Пази го празникот Бесквасници: седум дена јади бесквасен леб, како што ти заповедав, во определено време во месецот авив, зашто во тој месец си излегол од земјата Египетска. Сѐ што отвора утроба, Мое е, како и секое првородено од говедата твои, и секое провородено од овците. Но првороденото од ослите замени го со овца; ако не го замениш, тогаш откупи го; а секое првородено меѓу синовите твои, откупи го; да не се појавуваш пред Мене празен. Шест дена работи, а во седмиот ден отпочини се: и од орањето и од жнеењето отпочини; установи празник на седмиците и празник преку летото; трипати во годината секое машко меѓу вас да се јавува пред Господа Бога Израилев, кога Јас ќе ги истерам народите од пред тебе, и ќе ги проширам границите твои, и никој нема да ја пожела земјата твоја, ако се јавуваш пред лицето на Господа, твојот Бог, трипати во годината. Немој да ја мешаш крвта со жртвите Мои на квасен леб, и жртвата за празникот Пасха да не преноќева до изутрина. Првите плодови од првиот род на земјата твоја принесувај ги во домот на Господа, твојот Бог; немој да вариш јагне во млекото од мајката негова!« А му рече уште Господ на Мојсеја: »Напиши ги за себе овие зборови, зашто со тие зборови склучувам завет со тебе и со Израилот.« И остана Мојсеј таму пред Господа четириесет дена и четириесет ноќи, на јадејќи леб и не пијќи вода; и ги напиша врз плочите зборовите на Заветот, Десетте заповеди. Кога Мојсеј слезе од планината Синајска, ги држеше во рацете свои двете плочи, но слегувајќи од планината, Мојсеј не знаеше дека кожата на лицито му зрачи кога Бог разговараше со Него. И бидејќи Арон и сите синови Израилеви го видоа Мојсеја дека лицето му зрачи, се плашеа да се приближат до него. Но Мојсеј ги повика, и тие пристапија кон него, Арон и сите поглавари на народот, и Мојсеј говореше со нив. Потоа дојдоа кај него сите синови Израилеви, и тој им заповеда си што му рече Господ на планината Синај. А кога Мојсеј престана да зборува со нив, го покри сицето свое со покривало. Но кога Мојсеј излегуваше пред лицето на Господа, за да зборува со него, го креваше покривалото, додека не излезеше; а штом ќе излезеше, им кажуваше на синовите Израилеви сѐ што му беше заповедал. Тогаш синовите Израилеви го гледаа лицето Мојсеево како зрачи; Мојсеј, пак, го покриваше лицето свое со покривало додека пак не влезеше да зборува со Него. Потоа го собра Мојсеј целото општество на синовите Израилеви, и им рече: »Еве што заповеда Господ да правите: шест дена да се работи, и седмиот ден да ви биде одмор, зашто е света сабота, почивка на Господа; секој што ќе работи во тој ден, со смрт да се казни; во ден саботен да не палите оган нигде во жилиштата ваши, Јас сум Господ.« И уште му рече Мојсеј на целото општество на синовите Израилеви: »Еве што заповеда Господ: соберете помеѓу вас принос на Господа, секој што од срце дава, нека донесе принос, добороволно нека принесе принос на Господа; злато, сребро и бакар. сина, црвена и темноцрвена ткаенина, двојно предена, висон ткаен и козина; и кожи овнешки, црвени, кожи сини и дрво ситим; масло за светење, и мириси за елеј за помазание и мирисно кадило; и камен сардиски, и камења за украсување на ефодот и за наградникот. И сите, кои се меѓу вас мудри по срце, нека дојдат да направат си што заповедал Господ: Скинијата, завесите и покривот негов, кукичките негови и штиците, напречниците негови, столбовите негови и подножјата негови; и ковчегот на сведоштвото, и столбовите негови, и завестата на дворот и столбот негов, и камењата смарагдови и мирис. Трпезата и лостовите нејзини, и лебовите за принос; и жртвеникот и сите сосуди нејзини; светилникот за осветление со приборот негов и кадилата негови, и масло за осветление; и кадилниот жртвеник, и лостовите негови, и елеј за помазание, и кадило миризливо, и завесата на вратата од скинијата; жртвеникот за сепаленици, и огништата негови од бакар, лостовите негови и сите сосуди за него, и мијалникот и подножјето негово. Завесите за дворот, столбовите негови и подножјата нивни, и завесите од вратата на дворот; ковчезите за скинијата, и колчињата за дворот со јажињата нивни; одеждите свети за служба во светилиштето, и светите одежди на свештеникот Арон, и одеждите на синовите негови за свештеничка служба, и елејот за помазание и кадило миризливо.« Потоа целото општество на синовите Израилеви се повлече од Мојсеја. И секој, кој принесе што му срце сакаше срцето го влечеше и душата го поттикнуваше, доаѓаше, носејќи принос на Господа – учеството за градење на шаторот на садови, за секоја служба во него и за сите одежди на светилиштето; доаѓаа мажи и жени; сите, што срцето ги влечеше, принесуваа печати, алчиња, обетки, прстења и веришки, секакви златни работи; секој, кој сакаше, принесуваше злато на Господа; и секој, кој имаше сина, црвена и темноцрвена ткаенина и висон ткаен, кожи овнешки, црвени, и кожи сини, кожи козји принесуваа; и секој, кој донесуваше сребро или туч, Му Го принесуваше како дар на Господа; и кој имаше дрво ситим, го принесуваше за секоја потреба. А секоја жена, мудра и вешта во рачно предење со своите раце и принесуваа си што ќе испредеа – преѓа сина, црвена и темноцрвена и препредена; секоја пак, жена, што ќе наумеше поради умешноста нејзина, предеше козина. А старешините принесуваа камен оникс и камења за украсување на ефодот и на наградникот; исто така и масло за осветление и мириси за елеј за помазание и за кадило мирисно! И така синовите Израилеви – сите мажи и сите жени, што ќе им дојдеше на ум да принесат што и да е за делото, што заповеда Господ преку Мојсеј да се направи, принесоа доброволен дар на Господа. Тогаш им рече Мојсеј на синовите Израилеви: »Ете, Бог го повика по име Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино.« и го исполни со Дух Божји, со мудрост и со разум, со знаење и со секоја умешност да гради; да обработува дрводелие, и да прави работи од злато, сребро и бакар; да реже камења, да реже и обраборува дрво, и да прави секакви уметнички работи; а вложи во неговото срце и во срцето на Елијава, синот Ахисамахов, од племето Даново, и способност да можат да учат и други. Го обдари со умешност да вршат секаква резбарска работа, кројачка, везачка и ткајачка на сина, црвена и темноцрвена ткаенина и на висон, и да изведуваат секакви работи, во разни уметности. И направија Веселеил и Елијав и сите способни луѓе, на кои им беше дадена мудрост и знаење да разбираат и да работат секакви работи, потребни за светилиштето, тоа сѐ како што беше заповедал Господ. И ги повика Мојсеј Веселеила и Елијава и сите мудри луѓе, на кои Бог им дал разум во срцето, и сите, што од срце сакаа да се зафатат за дела што треба да се свршат. И тие ги зедоа од Мојсеја сите дарови што ги беа принеле синовите Израилеви за потребите на светилиштето за да се изработат. А тие ги примаа уште и принесуваните дарови од оние што носеа секое утро. Тогаш дојдоа сите вешти луѓе, што вршеа работи за светилиштето, секој според својата работа, што сами ја вршеа, па му рекоа на Мојсеја – »Народот принесува повеќе отколку што е потребно за да се направи, како што заповеда Господ.« И Мојсеј разгласи во таборот, велејќи: »Ни маж ни жена да не принесува ништо повеќе како дар за светилиштето:« И народот престана да принесува, зашто имаше доста принесено за секакви работи што требаше да се направат, дури и преостануваше. Тогаш сите вешти луѓе, кои се обврзаа да ја направат скинијата, приготвија десет платништа од ткаенина со препредена преѓа и од сина, црвена и темноцрвена ткаенина; и на нив направија уметнички извезени херувими. Должината на секое платниште изнесуваше дваесет и осум лакти, а ширината четири лакти; сите платништа беа со иста мерка. И Веселеил ги состави петте платништа едно со друго, и другите пет платништа ги состави едно со друго. И направи сини петлици по рабовите на едното платниште, каде што ќе се соединува со другото; такви направи тој и на работ на последното платниште, за да го соедини со другото. Педесет петлици направи на едното платниште, каде што се соединува со другото; петлиците беа една спрема друга. И направи педесет златни кукички и со кукичките состави едно платниште со друго. Така скинијата стана една целина. Потоа направи платниште од козина за покривање на скинијата; единаесет такви платништа направи: едно платниште беше долго триесет лакти, а широко четири лакти; една мерка беа сите единаесет платништа. Па ги состави петте платништа одделно, а шесте платништа одделно. И направи педесет петлици по работ на едното платниште, каде што се соединува со другото, и педесет петлици направи по работ на другото платниште, за да се соединува со другото; а направи и педесет кукички од бакар, за да се состави скинијата, та да стане целина. Потоа направи покривка за скинијата од овнешки кожи, црвени, а над неа друга – од сини кожи. И направи диреци за скинијата од дрвото ситим, што ќе стојат исправени; секој дирек од по десет лакти долг, а лакот и половина широк; секој дирек имаше по два клина, еден спроти друг; така направи тој на секој дирек за скинијата. А вакви диреци за скинијата направи дваесет за јужната страна: и направи четириесет подножја сребрени за под дваесетте диреци, по две подножја под секој дирек за двата клина негови, и по две подножја под другиот дирек за двата негови клина. И за другата страна на скинијата, спрема север, направи дваесет диреци. и четириесет сребрени подножја под нив, по две подножја под секој дирек за двата негови клина, и по две подножја под другиот дирек. А за западната страна на скинијата направи шест диреци; направи уште два дирека за аглите во скинијата од западната страна; тие беа составени одоздола и составени одозгора со по една алка; така направи тој со обете страни на двата агли; и така имаше осум диреци и шеснаесет подножја сребрени, по две подножја под секој дирек. Потоа направи напречници од дрвото ситим: пет за диреците од едната страна од скинијата, и пет напречници за диреците од другата страна на скинијата, и пет напречници за диреците од западната страна на скинијата до обата агли. А направи и средна напречница што ќе иде преку средината на диреците од едниот до другиот крај; диреците го опковаа со злато, а и алките, низ кои беа провлечени напречниците, ги направи од злато, па и напречниците го опкова со злато. Потоа направи завеса од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон и на неа направи херувими, уметнички извезени; за неа направи и четири столба од дрвото ситим, и го опкова со злато; и златни кукички за столбовите и им излеа четири подножја од сребро. Направи потоа завеса за влезот во скинијата од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон, уметнички исткаена, и пет столбови за неа со кукичките нивни; врвовите на столбовите и нивните прстени ги обложи со злато, и пет подножја од бакар. И направи Веселеил од дрвото ситим ковчег, два и пол лакти висок; го опкова одвнатре и однадвор со чисто злато и му направи златен венец наоколу; излеа за него четири алки од злато за четири негови страни: две алки за едната страна, а две за другата; направи лостови од дрвото ситим и ги опкова со злато; и ги провре лостовите низ алките од обете страни на ковчегот, за да може ковчегот да се носи. Потоа направи поклопец од чисто злато: во должина два лакти и половина, во ширина – лакот и половина. Направи и два херувима од злато; исковани ги направи за двата краја на поклопецот; едниот херувим на едниот крај, а другиот херувим на другиот крај; херувимите ги направи да се издаваат од обата краја на поклопецот. И херувимите беа со раширени крилја, одозгора, и со крилјата свои го покриваа очистилиштето, а со лицата свртени еден спрема друг, и насочени кон очистилиштето. Направи трпеза од дрвото ситим, со должина од два лакти и ширина од лакот, а лакот и половина во висина. И ја опкова со чисто злато, и наоколу и направи златен венец; потоа и направи страници наоколу, колку дланка широки, а по страниците и направи златен венец. Излеа за неа четири алки од злато, и алките ги прицврсти на четирите агли при четирите нозе, на страниците имаше алки, низ кои беа проврени лостови, за да може трпезата да се носи. А лостовите ги направи од дрвото ситим, за носење на трпезата, и ги покри со злато. Потоа направи садови од чисто злато, определени за трпезата: чинии, кадилници, чаши и црпки, со кои ќе се прелива. Направи и свеќник од чисто злато, за да свети го направи: стеблото и гранките, чашките, јаболчињата и цветовите му излегуваа од него на двете страни. Гранките му излегуваа од страните: три гранки од свеќникот од едната страна, а три гранки на свеќникот од другата страна; три чашки како бадемов цвет со јаболче и цветови имаше на едната гранка, а три чашки како бадемов цвет со јаболче и цветови на другата гранка; така беше на сите шест гранки што излегуваа од свеќникот. А на самиот свеќник имаше четири чашки како бадемов цвет со јаболчиња и цветови: едно јаболче беше под двете гранки од него, и едно јаболче под другите две гранки од него; така и под третите две гранки од шесте гранки што излегуваа од него. Јаболчињата нивни и гранките нивни излегуваа од него; целиот искован од чисто злато. И му направи седум кандилца, а и секачи и пепеларки од чисто злато; од талант чисто злато го направи со сите негови потреби. И направи жртвеник за кадење од дрвото ситим: лакот долг и лакот широк, четириаголен, два лакти висок; и од него му излегуваа роговите; па го опкова со чисто злато одозгора и страните наоколу, а и неговите рогови; му направи и златен венец наоколу; и две алки од злато му направи под венецот на двата агли негови, ги направи од двете негови страни, за да се спроврат низ нив лостовите, за да може да се носи. Лостовите ги направи од дрвото ситим, и го опкова со злато. И направи миро за свето помазание и мирисно кадиво, чисто со вештина на мироварец. И направи од дрвото ситим жртвеник за жртви сепаленици; пет лакти долг и пет лакти широк, четириаголен, три лакти висок, и ги опкова со бакар; а направи и рогови на неговите четири агли, така што роговите да излегуваат од него, и го опкова со бакар. И ги направи сите садови за жртвеникот: котлиња, кадилниците, чашките и вилушките, и клештите; сите потреби му ги направи од бакар. а на жртвеникот му направи решетка од бакар како мрежа на дното, од дното па до средината наоколу; и излеа четири алки за четирите агли на решетката од бакар, за да се провлечат низ нив лостови за носење. А лостовите ги направи од дрвото ситим и ги опкова со бакар. Па ги провлече лостовите низ алките од обете страни на жртвеникот, за да може да се носи; од штици го направи, празен одвнатре. Направи и мијалник од бакар и подножје од бакар со убави шарки, кои го красеа влезот на скинијата на сведоштвото. И двор направи од јужната страна, а завесите му беа од ткаен висон, по сто лакти долги; дваесет столбови за нив, и дваесет подножја под нив од бакар; а кукичките за столбовите и лостовите беа од сребро. Така и од северната страна, сто на сто лакти; столбови за нив дваесет и подножја под нив од бакар дваесет; а и кукичките за столбовите и лостовите нивни од сребро. А од западната страна завеси од педесет лакти: десет столбови за нив, и подножја – десет; кукичките за столбовите и лостовите нивни од сребро; и од источната страна, завеси од педесет лакти. За западната страна на вратата завеси од петнаесет лакти, три столбови за нив и три подножја под нив; и за другата задна страна (отаде и одовде на вратата однадвор) завеси од петнаесет лакти, три столба за нив, и подножја под нив – три. Сите завеси на дворот наоколу беа од ткаен висон. а подножјата од столбовите – од бакар, кукичките за столбовите и лостовите на нив – од сребро; и врвовите нивни беа со сребро обложени; и сите столбови на дворот беа со сребро поврзани. А завесата на вратата од дворот – везена – од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон, долга дваесет лакти, а во висина по ширината пет лакти, како и другите завеси во дворот; и четири столба за нив, и четири подножја под нив од бакар; кукичките им беа од сребро, а врвовите нивни посребрени. Сите колчиња околу скинијата и дворот беа од бакар. Ете, тоа се изработките за скинијата на сведоштвото, направени по заповедта на Мојсеја за левитите а под надзор на свештеникот Итамара, син на Арона. А си она како што му заповеда Господ на Мојсеја, го направи Веселеил, син на Урија, синот Оров, од племето Јудино. И со него Елијав, синот Ахисамахов, од племето Даново, резбар, вешт ткајач и везач на порфирна ткаенина сина, црвена и темноцрвена и на ткаен висон. Сето злато, што беше употребено за сите потреби на светилиштето, злато, принесено на дар, беше дваесет и девет таланти и седумстотини и триесет сикли, свештени сикли; а среброто преброено од дародавците – сто таланти и илјада седумстотини седумдесет и пет сикли, свештени сикли. По половина сикла од човек, пресметано според свештената сикла, од секој што доаѓа на пребројување, од дваесет години и нагоре, од шестотини и три илјади и петстотини и педесет души. Сто таланти сребро беа употребени за лиење на подножјата за светилиштето и подножјата за завесите; сто подножја од сто таланти, по талант на подножје; а од илјада и седумстотини и седумдесет и петте сикли тој направи кукички за столбовите и опков за врвовите нивни, а направи и лостови за нив. А од принесениот дар во бакар имаше седумдесет таланти, и две илјади и четиристотини сикли; и од него ги направи тој подножјата за влезот во скинијата на сведоштвото, и жртвеникот од бакар како и решетката од бакар за него, и сите садови за жртвеникот; подножјата за целиот двор наоколу, подножјата за вратата на дворот, и сите колчиња за скинијата и сите колчиња за дворот наоколу. А од ткаенина сина, црвена и темноцрвена направија одежди за служба во светилиштето; му направија и свештени одежди на Арона, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Направија ефод од злато, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон; извлекоа листови од злато, и исекоа жици, за да ги вткаат вешто во ткаенината сина, црвена и темноцрвена и во висоновите нишки; му направија и нараменици што се врзуваат: тие се врзуваат со него на двата негови краја. И појасот на ефодот, од неговата горна страна, беше ист како и тој: од злато, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од вткаен висон, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. И изрезаа и камења смарагдови, и ги обрабија со злато, и ги впишаа на нив имињата на синовите Израилеви, како што се прават печати; па ги ставија на нарамениците од ефодот, за спомен на синовите Израилеви, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Направија и наградник, вешто изработен, од иста метерија како и ефодот: од злато, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон; наградник направија: четириаголен, двоен, педа долг, и педа широк, двоен. И наредија на него четири реда камења: во првиот ред: сард, топаз и смарагд; во вториот ред: антракс, сафир и јаспис; во третиот ред: лигур, ахат и аметист; во четвртиот ред: хрисолит, вирил и оникс; и тие беа опковани и обвиени во злато. Камењата беа според бројот на имињата на синовите Израилеви: тие беа дванаесет, според бројот на нивните имиња, и на секој од нив беше изрежано како печат по едно име, за дванаесетте племиња. И направија за наградникот веришки вити, плетени од чисто злато; направија и две копченца златни и две алчиња златни, и ги ставија двете алчиња на двата краја од наградникот; па ги закачија двете златни веришки за двете алчиња на краевите од наградникот, а другите два краја од двете веришки ги закачија за двете копченца и ги прицврстија на нарамениците од ефодот од предната страна. Направија уште две златни алчиња, и ги ставија на двата краја од наградникот, на внатрешниот раб, свртен спрема ефодот: направија уште две златни алчиња, ги ставија на двата нарамника од ефодот, на неговиот преден крај одоздола, каде што се составува ефодот над појасот; и така го врзаа наградникот со алчињата негови за алчињата од ефодот со врвка сина, плетена, за да стои одозгора над појасот од ефодот и да не се одделува наградникот од ефодот, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. а за ефодот направија и наметка, од сина ткаенина, и прорез по средината на наметката како отвор, околу прорезот ширит шиен, за да не се реси. По полите на подметката одоздола направија врвци од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и висон ткаен. А направија и ѕвончиња од чисто злато, и ги закачија ѕвончињата на полите од наметката наоколу меѓу прачките: ѕвонче и јаболкце, ѕвонче и јаболкце наоколу по полите на наметката, за служба, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Потоа направија хитони од ткаен висон за Арона и за синовите негови; и кидар од висон и митра од висон, и долна облека од ткаен висон, и појас за нив од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. И направија плочка, знак на светоста, од чисто злато, издлабија на неа писмо, како што се реже печат »Светост Господова«. И врзаа за неа сина врвка, за да се врзува на кидарот одозгора, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. И така се сврши целата работа околу скинијата, скинијата на сведоштвото. И направија синовите Израилеви сѐ како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, така направија. И ја донесоа при Мојсеја скинијата, покривката и сите нејзини работи, кукичките, диреците, лостовите, столбовите и подножјата. И покривката од кожи овнешки, црвени, и покривката од кожи фини и завесата за засолнување, ковчегот на откровението со лостовите, и очистилиштето, трпезата со сите нејзини принадлежности, и лебови за предложение, свеќникот од чисто злато со неговите кандилца, кандилцата веќе наредени, и сите потреби негови, и елеј за светење, жртвеникот златен, и елеј за помазание, кадиво мирисно, и завесата за влезот во скинијата, жртвеникот од бакар и решетката од бакар за него, лостовите негови и сите принадлежности негови, мијалникот и подножјето негово, завесите за дворот, столбовите за нив и подножјата нивни, и завесата за влезот во дворот, јажињата негови и колчињата негови, и сите потреби за служба во скинијата на сведоштвото; одеждите богослужбени за служење во светилиштето, одеждите свети за свештеникот Арона и одеждите за синовите негови, за свештеничка служба. Како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, така ги направија синовите Израилеви сите тие работи. И ги погледа Мојсеј сите тие работи, и ете, тие ги беа направиле: како што беше заповедал Господ, така ги беа направиле. И ги благослови Мојсеј. И му рече Господ на Мојсеја велејќи: »Во првиот ден од првиот месец подигни ја скинијата на сведоштвото, потоа постави го таму ковчегот на откровението и засолни го со завесата; внеси ја трпезата, и постави си што треба да се намести на неа; внеси го и свеќникот, а стави ги и кандилцата на него; постави го златниот жртвеник за кадење пред ковчегот на откровението; и закачи завеса пред влезот во скинијата на сведоштвото. Постави го и жртвеникот за жртви сепаленици, а постави го и пред влезот во скинијата на сведоштвото; стави го мијалникот меѓу скинијата на сведоштвото и жртвеникот, и налеј вода во него; огради го дворот наоколу, и закачи ја завесата на вратата од дворот; па земи елеј за помазание, и помажи ја скинијата и си што има во неа: и освети ја неа и сите принадлежности нејзини, па ќе биде света. Помажи го и жртвеникот за жртви сепаленици и сиот прибор негов, па освети го жртвеникот, и жртвеникот ќе стане пресвет. Помажи го и мијалникот, и подножјето негово, и освети го. Потоа доведи го пред влезот од скинијата на сведоштвото Арона и синовите негови и измиј ги со вода; облечи го Арона во светите одежди и помажи го и освети го, за да Ми принесува жртви. Доведи ги и синовите негови, и облечи ги во хитони, и помажи ги, како што го помаза таткото нивни, за да Ми принесуваат жртви; и помазанието нивно ќе ги освети за вечно свештенство во нивните поколенија.« И направи Мојсеј сѐ, како што му заповеда Господ, така направи. Во првиот месец од втората година, во првиот ден во месецот се подигна скинијата. Мојсеј ја подигна скинијата: ги исправи диреците, ги провлече напречниците, и ги исправи столбовите; па ги распна платништата над скинијата, а над неа ги ставија покривот одозгора, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. И, откако го зеде откровението, го стави во ковчегот, и стави ногалки под ковчегот, па го стави очистилиштето одозгора над ковчегот. Потоа го внесе ковчегот во скинијата, и ја закачи завесата, та го засолни ковчегот на откровението, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. И ја постави трпезата во скинијата на сведоштвото од северната страна на скинијата, пред завесата; потоа постави на неа лебови за предложение пред Господа, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Го намести свеќникот во скинијата на сведоштвото спрема трпезата, од јужната страна на скинијата, а ги постави и кандилцата пред Господа, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Го постави златниот жртвеник во скинијата на сведоштвото пред завесата, и стави на него да гори мирисно кадиво, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Ја закачи завесата пред влезот во скинијата; потоа го постави и жртвеникот за жртви приносници при влезот во скинијата на сведоштвото, и принесе на него жртва сепаленица, и лебен принос, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Го намести и мијалникот меѓу скинијата на сведоштвото и жртвеникот, и налеа во него вода за миење; и од него Мојсеј и Арон и синовите негови си ги измија рацете свои и нозете свои; а ги миеја кога влегуваа во скинијата на сведоштвото и кога пристапуваа кон жртвеникот да служат, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Го огради и дворот околу скинијата и жртвеникот, и ја стави завесата на влезната врата од дворот. Така ја доврши Мојсеј сета работа. Тогаш облак ја покри скинијата на сведоштвото и се исполни скинијата со слава Господова; и Мојсеј не можеше да влезе во скинијата на сведоштвото, зашто облакот го засенуваше, и славата Господова ја исполнуваше скинијата. И кога се креваше облакот од скинијата, тогаш поаѓаа синовите Израилеви на пат со својот имот; а кога не се креваше облакот, тогаш ни тие не поаѓаа си до денот, кога ќе се кренеше, зашто облакот Господов стоеше над скинијата дење, а ноќе во облакот се појавуваше оган пред очите на целиот дом Израилев, при сите нивни патувања. И го повика Господ Мојсеја, и му рече од скинијата на сведоштвото, велејќи: »Соопшти им на синовите Израилеви, и кажи им: кога некој од вас сака да Му принесе на Господа дарови, од добитокот, од говедата и од овците привесувајте ваш дар. Ако принесува жртва сепаленица од крупен добиток, нека принесе машко, здраво; пред влезот од скинијата на сведоштвото нека ја доведе, за да придобие милост пред Господа. И нека ја возложи раката своја врз главата на жртвета, и ќе придобие милост за очистување; нака се заколе теле пред Господа, а синовите Аронови, свештениците, нека принесат крв, и со неа нека го попрскаат жртвеникот одозгора наоколу, што е пред влезот од скинијата на сведоштовото; потоа жртвата сепаленица нека се одере и нека се исече на делови. А синовите Аронови, свештениците, нека запалат оган на жртвеникот, и нека стават дрва на огнот. Па потоа синовите Аронови, свештениците, нека ги наредат деловите, главата и лојта врз дрвата на огнот, што е на жртвеникот. А внатрешнината и нозете нека се измијат со вода; свештеникот нека го стави сето тоа на жртвеникот; тоа е жртва сепаленица, жртва огнена, со благопријатен мирис пред Господа. А ако принесува жртва сепаленица на Господа од ситен добиток, од овци или од кози, нека принесе јагне или јаре, чисто машко и здраво и да ја постави раката врз главата негова. Да се заколе на северната страна од жртвеникот пред Господа, а синовите Аронови, свештениците, нека го прелијат жртвеникот со крвта одозгора наоколу. И нека се расече на делови, а главата со лојот, свештеникот нека ги стави врз дрвата, што се на огнот врз жртвеникот; а внатрешнината и нозете свештеникот нека ги измие со вода и сето тоа нека го донесе и нека го изгори на жртвеникот; тоа принос жртва, жртва огнена со благопријатен мирис пред Господа. Ако Му принесува на Господа жртва птица како сепаленица, тогаш нека принесе на дар грлица или млад гулаб; свештеникот нека ја принесе на жртвеникот, и извивајќи и ја главата, нека ја откине и нека ја изгори на жртвеникот, крвта да ја исцеди во подножјето на жртвеникот; нека и ги извади гркланот и перјата и заедно со нечистотијата нека ги фрли до жртвеникот од источната страна, каде што е пепелта, па нека ја прекрши меѓу крилјата, но да не ги разделува од неа; и свештеникот потоа нека ја постави на жртвеникот, врз дрвјата што се на огнот; тоа е принос жртва, жртва огненеа со благ пријатен мирис пред Господа.« »Ако некој Му принесе на Господа лебна жртва, нека принесе пченично брашно, и нека го прелие со елеј, па на него нека стави ливан; нека ја донесе тој кај синовите Аронови, свештениците, а свештеникот да земе полна рака од брашното пченично со елеј и сиот нејзин ливан, па нека ја запали таа свештеникот на жртвеникот како спомен нејзин; тоа е жртва со пријатен мирис на Господа, а она што ќе остане од жртвата нека биде за Арона и за синовите негови: тоа е најголема светиња меѓу жртвите на Господа, Ако, пак, се принесува дар жртва од пченично брашно печена во печка, тоа нека бидат бескрасни лебови, замесени со елеј, и бесквасни питки, намажани со елеј. Ако ти е жртвата дар пржен во тава, нека биде со пченично брашно, земесено со елеј, без квас; раскрши ја на парчиња и полеј ја со елеј: тоа е жртва на Господа. Ако ти е дарот твој жртва од огниште, таа треба да биде направена од пченично брашно со елеј. И принеси ја жртвата, што си ја приготвил од тоа, на Господа: претстави ја пред свештеникот, а тој нека ја положи на жртвеникот; и свештеникот нека земе дел од таа жртва за спомен и нека ја изгори на жртвеникот: тоа жртва со благопријатен мирис пред Господа; остатокот, пак, од жртвата нека биде за Арона и синовите негови; тоа е најголема светиња меѓу жртвите на Господа. Секоја жртва, што Му ја принесувате на Господа, не правете ја со квас, зашто ни квас ниту мед не треба да се принесува како жртва на Господа. Принесувајте Му ги нив на Господа како привини од плодовите; но на жртвеникот да не се полагаат како пријатен мирис пред Господа. Секој дар од вашата жртва со сол засоли го, и не оставај ја жртвата своја на заветот на твојот Бог без сол: при секоја жртва принеси сол. Ако Му принесуваш на Господа жртва од првите житни плодови, принесувај ја како дар од своите први плодови во зрна од исчукани пресни класја, исушени на оган, полиј ја со елеј и стави врз неа ливан: тоа е жртва, а свештеникот да изгори дел од зрната и елејот со сиот ливан за спомен: тоа е принос на Господа.« »Но, кога некој принесува жртва за спасение, како свој дар на Господа, а ја принесува од говедо, било машко или женско, нека ја принесе пред Господа без недостаток; и нека ги положи рацете свои врз главата на дарот, и нека ја заколе пред Господа при влезот во скинијата на сведоштвото, а свештениците, синовите Аронови, нека ја измијат крвта на жртвеникот одозгора наоколу. Од жртвата за спасение нека Му принесат на Господа принос – лојта што ја обвива внатрешнината и сиот лој по внатрешнината. И обата бубрега и лојот што е на нив и на слабините, и кошулката што е на црниот дроб: нека ја извади со бубрезите; синовите Аронови нека го изгорат тоа на жртвеникот заедно со жртвата сепаленица, што е врз дрвата, на огнот кој е на жртвеникот. Тоа е жртва со благопријатен мирис пред Годспода. Ако, пак, Му се принесува на Господа жртва за спасение од овците, машко или женско, нека принесе таква што е без недостаток. Ако јагне принесува како дар свој, нека го приведе пред Господа; и нека ја положи раката своја врз главата на дарот свој, и нека го заколе пред вратата од скинијата на сведоштвото, а синовите Аронови нека го попрскаат жртвеникот со крвта нејзина наоколу. Потоа од жртвата за спасение нека ја принесат како жртва на Господа и лојта, целата опашка до грбот, сиот лој што ја обвива внатрешнината и сета маст во внатрешнината, и обата бубрега и лојот што е на нив и што е на бедрата, и кошулката околу црниот дроб: сето тоа заедно со бубрезите нека го одделат; свештеникот нека го изгори тоа на жртвеникот; мирис пријатен, принос на Господа. Ако, пак, принесува како дар свој на Господа од козите, нека ја претстави пред Господа, и нека ги положи рацете свои врз главата негова, па нека ја заколе пред Господа пред вратата од скинијата на сведоштвото, а синовите Аронови нека ја излијат крвта врз жртвеникот одозгора наоколу. Потоа свештеникот од неа нека Му го принесе на Господа како принос и лојот, што ја обвива утробата и сиот лој во неа, и обата бубрега, и сиот лој што е околу нив, што е по бедрата, и кошулката на црниот дроб: сето тоа заедно со бубрезите нека го оддели. А свештеникот нека го изгори на жртвеконот; тоа е принос, благопријатен мирис на Господа; сиот лој е за Господа. Тоа нека е вечен закон за сите ваши поколенија, во сите ваши живеалишта: никаков лој и никаква крв да не јадете.« И уште му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви: ако некој згреши пред Господа не сакајќи, против која и да било заповед Господова изврши нешто, што не треба да прави, – ако помазаниот првосвештеник згрешил и го обвинил народот, тоа за гревот свој, што го направил, нека Му принесе на Господа за гревот, дар од Говедата свои теле без недостаток, па откако ќе го доведе телето пред влезот од скинијата на сведоштвото пред Господа, нека ја положи раката своја врз главата на телето и да го заколе телето пред Господа. А совршено помазаниот свештеник нека ја собере крвта од телето со рацете, и нека ја внесе во скинијата на сведоштовото. И свештеникот нека го накваси прстот свој во крвта, и со крвта седумпати нека попрска пред Господа спрема завесата на светилиштето. А потоа свештеникот со таа крв нека ги помаже роговите на жртвеникот, на кој се кади со благопријатен мирис пред Господа, Кој е во скинијата на сведоштвото, а остатокот од крвта на телето нека го излие во подножјето на жртвеникот за жртви сепаленици, кој е при влезот во скинијата на сведоштвото. И нека го извади сиот лој од телето за грев, лојот што ја покрива утробата и сиот лој што е на утробата; и обата бубрега, и лојот што е на нив и на слабините, и кошулката на слезината со бубрезите нека ги извади. онака како што се вади тоа од теле на жртва за спасение; и нека ги изгори свештеникот на жртвеникот за приноси. А кожата од телето со сето месо со главата и со крајниците и утробата и нечистотијата, односно целото теле нека го изнесат надвор од логорот на чисто место, каде што се истура пепелта, и нека го изгорат со оган на дрва; на местото, каде што се истура пепелта, нека се изгори. А ако целиот собир на синовите Израилеви згреши, на сакајќи, а тоа се сокрие од собирот, па направат нешто што Господ забранил да се прави, ќе згрешат; кога ќе се узнае гревот нивни, во што згрешиле, тогаш собирот нека принесе здраво теле како жртва за гревот, и нека го доведе пред скинијата на сведоштвото. А старешините на собирот нека положат раце врз главата на телето пред Господа, и да го заколат телето пред Господа. А помазаниот свештеник нека внесе крв од телето во скинијата на сведоштвото. Потоа нека го натопи свештеникот прстот свој во крвта, и седумпати нека попрска пред светилиштето на Господа, а од таа крв нека стави и на роговите од жртвеникот за кадење што е пред Господа во скинијата на сведоштвото, додека сета друга крв нека ја излие во подножјето на жртвеникот за приноси, кој е при влазот од скинијата на сведоштвото. Сиот, пак, лој, откако ќе го извади од него, нека го изгори на жртвеникот. И со тоа теле да направи онака како што прави со телето за грев – така нека направи со него; и потоа нека се помоли свештеникот за нив, и гревот ќе им се прости. А телето цело нека го изнесат од таборот, и нека го изгорат како и првото теле; тоа е жртва за гревот на целиот собир. Ако згреши началникот и направи, не сакајќи нешто што неговиот Господ Бог забранил да се прави, грешен е оти направил престап. Кога ќе узнае во себеси за гревот свој што го направил, тогаш нека принесе дар свој заради гревот козел, од машки род, без недостаток. И нека ја стави раката своја врз главата на козелот и нека го заколе на она место, каде што се колат жртвите сепаленици пред Господа; тоа е жртва за грев. И нека земе свештеникот крв од жртвата за грев и со прстот свој нека ги намачка роговите на жртвеникот за сепаленици; а сета друга крв негова нека ја излие во подножјето на жртвеникот за сепаленици. А сиот лој нека го изгори на жртвеникот како лој од жртвата за сепаленици; и да се помоли свештеникот за гревот негов, и ќе му се прости. И ако некој од народот згреши, на сакајќи направи нешто што Господ забранил да се прави, виновен е. Кога ќе узнае, пак, за гревот свој што го направил, тогаш нека принесе дар свој – коза од козите свои, без недостаток, поради гревот што го направил; и нека ја стави раката своја врз главата од жртвата за грев, и нека се заколе козата поради гревот на местото, каде што се колат жртвите сепаленици. Потоа нека земе свештеникот крв од неа на прстот свој и нека ги помаже роговите на жртвеникот за сепаленици: а сета друга крв нека ја излие во подножјето на жртвеникот. И сиот лој од неа нека го извади како што се вади лојот од жрвата за спасение, и нека го изгори свештеникот на жртвеникот за пријатен мирис пред Господа; и да се помоли свештеникот за него, па ќе му биде простено. Ако принесува дар овца поради гревот, нека донесе здрава и без недостаток. И нека ја стави раката своја врз главата од жртвата за грев, па нека се заколе поради гревот на она место, каде што се колат жртвите сепаленици. И свештеникот нека земе крв од жртвата за грев и со прстот свој со неа нека ги намачка роговите на жртвеникот, на кој се гори жртвата; а сета друга крв нека ја излие во подножјето на жртвеникот за сепаленици. И сиот лој нека го извади, како што се вади лојот од овца на жртва за спасение; и нека го изгори свештеникот врз жртвеникот како жртва сепаленица Господова; па нека се помоли свештеникот за гревот негов, што го направил, и ќе му се прости.« »А кога некој згреши со тоа што изрекол клетва и така станал сведок, или видел или дознал, па не кажал, тој го носи својот грев. Или, ако некој се допре до каквагоде нечиста работа, или до мртво, или до нечиста ѕверојадина, до гнасотија од мрша, или до мрша од нечисти животни, или до изгинати гадинки, со тоа тој се осквернува; или ако се допре до некоја нечистотија човечка, било која нечистотија негова, со неа се осквернува, знејќи или не знаејќи, и виновен е за грев. А ако некој изјави со устата своја дека ќе направи нешто лошо, или добро, а за која и да било работа, како што ги прават тоа луѓето под клетва, а не ја направи, и потоа се узнае, виновен ќе биде за една од тие работи. Кога ќе го признае, пак, гревот свој, нека Му принесе на Господа за гревот, што го направил: млада овца или коза од стадото свое за гревот; и свештеникот нека се помоли поради гревот негов што го направил и ќе му се прости. Ако не може да принесе овца, тогаш нека Му принесе на Господа како дар за гревот, со кој згрешил: две грлици или две гулапчиња – едно како жртва за гревот, а другото како жртва сепаленица. Нека му ги донесе на свештеникот, а тој нека го претстави прво она што е за грев, и нека му го истргне вратот, но главата да не ја откинува. И со крвта од жртвата за грев нека го попрска ѕидот на жртвеникот; а крвта што ќе остане, нека ја исцеди во подножјето на жртвеникот, бидејќи е тоа жртва за грев. А од другото нека направи жртва сепаленица, како што треба; а свештеникот нека се помоли поради гревот негов, што го направил, и ќе му биде простено. А ако не може да принесе ни две грлици или гулапчиња поради тоа што згрешил, тогаш нека принесе една десетина од мерката ефа пченично грашно за да биде жртва за гревот, а нека не додава елеј и нека не става кадиво, зашто жртвата е за грев. И кога ќе го донесе кај свештеникот, свештеникот нека земе полн грст од него за спомен нејзин, и нека го изгори на жртвеникот за сепаленици како жртва огнена на Господа, бидејќи е жртва за грев. И да се помоли свештеникот поради гревот негов, со кој згрешил во нешто од ова, и ќе му прости; а остатокот ќе биде за свештеникот како подарок, како жртва од пченично брашно.« Пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кој ќе заборави, па згреши не сакајќи во работите посветени на Господа, нека Му принесе дар на Господа за престапот свој овен без недостаток од овците, ќе се оцени светата работа во сикли сребрени, според сиклите свети, според престапот. И така, колку згрешил спрема светата работа, толку нека надомести; и на тоа уште нека додаде петти дел, и нека му го даде на свештеникот; а свештеникот ќе се помоли над принесениот овен за престапот, и ќе му се прости. Кој згреши и направи нешто што Господ забранил да се прави, и – ако не знаел, сепак е виновен и го носи својот грев. Нека му доведе на свештеникот како жртва за грев овен здрав од овците, според процена во сребро, а свештеникот нека се помоли за престапот, што го направил поради незнаење, бидејќи згрешил пред Господа, и ќе му се прости. Тоа е жртва за грев: згрешил пред Господа.« Пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Ако некој згреши и направи престап против заповедите на Господа и го откаже на ближниот свој она, што му дал на чување, или од него украдено, или пак, го измами својот близок, или нашол нешто загубено и тоа го одрече, или лажно се заколне за која и да било работа, што луѓето обично го прават и со тоа грешат, па кога така згреши и направи престап, тој треба да го врати она што го украл, или сосила го присвоил, или повереното што му било дадено на чување, или што го нашол како загубено. За секоја работа, за која се заколнал криво, нека го врати она истото, и на тоа нека му додаде уште петти дел на оној чие е; тоа да му го даде во оној ден кога ќе биде обвинет за својот грев. А за престапот свој нека Му принесе на Господа кај свештеникот овен од стадото свое, здрав, според процена на престапот; а свештеникот нека Му се помоли за него на Господа, и ќе му се прости секоја работа, со која згрешил или направил престап.« И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Заповедај му на Арона и на синовите негови, и кажи им: ова е законот за жрви сепаленици – жртвата сепаленица нека гори врз жртвеникот цела ноќ до изутрина; и огнот нека гори на жртвеникот и да не се гасне. Свештеникот нека ја облече ленената одежда, а и ленената долна облека нека ја облече на телото свое, па потоа нека ја собере пепелта од жртвата што огнот ја изгорел и нака ја стави покрај жртвеникот. А откако ќе ги соблече одеждите свои и облече други, нека ја изнесе пепелта надвор од логорот на чисто место. А огнот што е на жртвеникот, нека гори на него, да не се гасне. Свештеникот нека клава врз огнот дрва секое утро, и нека ја поставува на него жртвата сепаленица, нека го гори на него лојот од жртвата за спасение. Огнот да гори постојано на жртвеникот, нека не се гасне. Тоа е законот за жртвите: што ќе ги принесуваат синовите Аронови пред Господа при жртвеникот. Свештеникот нека земе грст од жртвата и од пченичното брашно и од елејот и целото кадиво, што е врз жртвата, и нека го изгори, тоа на жртвеникот како спомен за благопријатен мирис пред Господа. А она што ќе преостане од неа, му припаѓа за јадење на Арона и на синовите негови; нека го јадат пресно, на свето место; во дворот од скинијата на сведоштвото нека го јадат. Да не се пече со квас: тоа е дел што им го давам како дар од приносите Господови; тоа е најголемата светиња како жртвата за грев и жртвата за престап. Секое машко меѓу синовите Аронови нека го јаде. Тоа е вечен закон за потомството нивно од приносите на Господа; секој, што ќе се допре до него, ќе биде осветен.« И уште му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Тоа е дарот од Арона и синовите негови што ќе Му го принесуваат на Господа во оној ден кога ќе биде помазан: десетти дел од мерката ефа пченично брашно како постојана жртва, половина за наутро, а другата половина за навечер. Жртвата треба да се приготвува во тава, со елеј; со елеј и во парчиња принесувај ја; принесувај ја како благопријатен мирис пред Господа. А свештеникот меѓу синовите негови, што ќе биде помазан по него, нека го прави тоа; тоа е вечен закон што ќе се извршува. И секоја свештеничка жртва треба целата да се гори, и да не се јаде.« И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи му на Арона и на синовите негови, и речи им: тоа е закон за жртвата поради грев – на местото каде што се коле жртвата сепаленица, на тоа место нека се коле и жртвата за грев пред Господа, бидејќи тоа е најголемата светиња. Свештеникот што ќе ја принесува, нека јаде; на свето масто нека ја јаде, во дворот од скинијата на сведоштвото. Сѐ што ќе се допре до местото нејзино ќе се освети; а ако некој ја испрска облеката своја со крвта нејзина, оној дел што ќе биде испрскан нека го испере на свето место. И садот земјен, во кој се варела, нека се скрши; ако е, пак, готвена во бакарен сад, нека се истрие со вода нека се измие. Секое машко меѓу свештениците нека го јаде тоа; тоа е најголема светиња пред Господа. А секоја жртва за грев, од која се внесува крв во скинијата на сведоштвото, за да се изврши очистување во светилиштето, да не се јаде; тоа треба да се изгори.« »Ова е законот за жртвите поради престап – тоа е најголаме светиња. На она место, на кое се коле жртвата сепаленица, на тоа место нека се коле и овенот што се принесува како жртва за престап пред Господа; а крвта да се излие околу подножјето на жртвеникот. А сиот лој негов да се принесе; и лојот што ја покрива утробата, и лојот што е во утробата, и двата бубрега, и лојот што е на нив и на слабините, и кошулката на слезината нека ги извади заедно со бубрезите, нека ги стави свештеникот врз жртвеникот – жртвата за благопријатен мирис пред Господа; тоа е жртва поради престап. Секое машко од свештениците нека ја јаде; на свето место да се јаде; тоа е најголема светиња. Жртвата за престап е како жртвата за грев, еден закон е и за двете; кој свештеник се моли за неа, негова нека биде. А кога свештеникот принесува нечија жртва сепаленица, кожата од жртвата што ја принесува негова нека биде. И секоја жртва печена во печка или на огниште пржена во тава, му припаѓа на оној свештенико што ја принесува. А секја жртва приготвена со елеј или без елеј, им припаѓа на сите Аронови синови, подеднакво. Тоа е закон на жртвите за спасение, што Му се принесуваат на Господа. Кога некој ја принесува од благодарност, заедно со жртвата треба да принесе и бесквасни лебови, месени со елеј, и бесквасни питки намачкани со елеј, како и пченично брашно измешано со елеј, лебови месени со елеј. Освен питки, да принесува жртва и леб месен со квас, како благодарствена жртва за спасение. И од сето она што се принесува, нека принесува по едно како жртва што се вознесува пред Господа; тоа нека му припаѓа на оној свештеник што ја излива жртвата со крв за спасение. А месото од жртвата за спасение нека биде негово и нека се изеде во оној ден кога се принесува; нека не се остава ништо до изутрината. Ако се принесува жртва поради завет или од усрдност, таа нека се јаде во истиот ден, а ако остане нешто, нека се изеде другиот ден. Ако нешто од местото на таа жртва остане третиот ден, тогаш нека се изгори со оган. Ако некој на третиот ден јаде од месото на жртвата што ја принесол, таа нема да му биде примена, бидејќи тоа е осквернение; и секој што ќе јаде од неа ќе згреши. Ако тоа месо се допре до нешто нечисто, да не се јаде, туку да се изгори со оган; месото може да го јаде секој што е и чист. А ако некој има на себеси нечистотија, па јаде месо од жртвата за спасение што е на Господа, тој треба да се истреби од народот свој. И, ако, некој, откако се допре до нешто нечисто или до нечистотија човечка, или до нечист добиток, или до некоја нечиста гадинка, па јаде месо од жртва за спасение што е на Господа, тој да се истреби од народот свој!« И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви, и речи им: не јадете лој ни од вол, ни од овца, нити коза. Лојот од добиток што пцовисал или е од ѕвер растргнат може да се употребува за секоја работа; но тој лој да не се јаде. Оној, што ќе јаде лој од добиток, што се принесува како жртва пред Господа, нека се истреби од народот свој. Никаква крв да не јадете во сите живеалишта свои, ни од кое и да било животно, ниту, пак, од птици. А кој ќе јаде каква и да било крв, ќе се истреби од народот свој!« Пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви, и речи им: кој принесува жртва своја пред Господа за спасение, нека принесува пред Господа и дар свој за жртвата за спасение. Со свои раце да принесува принос пред Господа; лојот со градите нека го принесува, и кошулката на црниот дроб и сето тоа ќе го стави како дар пред Господа. А свештеникот нека го постави лојот врз жртвеникот, додека, пак, градите да му припаднат на Арона и синовите негови. А десната плешка од жртвата ваша за спасение, давајте му ја на свештеникот, за да му биде како дел. На свештеникот, пак, од синовите Аронови, што принесува крв и лој од жртвата за спасение, нека биде негова десната плешка. Зашто градите од жртвата за спасение и плешките што се вознесуваат, ги земам од синовите Израилеви од нивните жртви за ваше спасение и му ги давам на Арона свештеникот и на синовите негови како вечно озаконет дел од синовите Израилеви. Тоа ќе биде дел на помазаниот Арон и на помазаните синови негови од приносите пред Господа, од оној ден кога ќе застанат пред Господа како жртвоприносители, како што заповеда Господ да им се дава на синовите Израилеви од денот кога ги помаза. Тоа е вечен закон за поколенијата нивни. Тоа е законот за жртвите сепаленици, за жртвите за грев, за жртвите за престап, за жртвите за успевање и жртвите за спасение, како што му даде заповед Господ на Мојсеја во гората Синајска, во денот кога им заповеда Господ на синовите Израилеви во пустињата Синајска да Му принесуваат на Господа дар од плодовите свои.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Земи го Арона и синовите негови и одеждите, и елеј за помазание, и теле како жртва за грев, и два овна, и кошница пресни лебови, па собери го целиот народ пред вратата од скинијата на сведоштвото.« И направи Мојсеј како што му заповеда Господ, и го собра народот пред вратата од скинијата на сведоштовто. Потоа му рече Мојсеј на народот: »Еве што заповеда Господ да се направи –« па го доведе Мојсеј Арона и синовите негови и ги изми со вода. И му облече хитон, и го опаша со појас, го облече со горна одежда, па му стави згора на тоа ефод, и го опаша појасот од ефодот наокоу, и го стегна со него, а на градите одозгора му стави наградник, и на наградникот постави и »урим« и »тумим«. Му стави уште на главата и кидар, а на капата спроти лицето му стави златна плочка, знак на светоста, како што му заповеда Господ на Мојсеја. И зеде Мојсеј од елејот за помазание и го попрска жртвеникот седумпати, и го помаза жртвеникот, и го освети, и сите работи на него, и умивалникот, и подножјето негови и ги освети; ја помаза и скинијата, и сите работи во неа и ја освети. И изли од елејот за помазание врз главата Аронова, и го помаза и го освети; потоа ги приведе Мојсеј и синовите Аронови, им облече хитони, ги опаша со појаси, им стави капи на главите, како што му беше заповедал Господ. Го приведе Мојсеј телето како жртва за грев, а Арон и синовите негови ги возложија рацете свои врз главата на телето за грев. Потоа Мојсеј го закла телето и зеде од крвта негова и со прстот свој стави од неа на роговите од жртвеникот наоколу, и го очисти жртвеникот, а другата крв ја изли во подножјето на жртвеникот, и го очисти за да се принесува молитва пред него. Потоа го изведи сиот лој што беше на утробата, и кошулката од слезинката, како и двата бубрега, и лојот околу нив, и сето тоа го стави врз жртвеникот. А телето, со кожата негова и месото негово и нечистотијата ги изгоре со оган надвор од логорот како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Потоа Мојсеј го приведе првиот овен како жртва сепаленица, а Арон и синовите негови ги возложија рацете свои врз главата на овенот; и Мојсеј го закла овенот, и изли од крвта негова на жртвеникот наоколу, па го изече овенот на делови, и ги изгори Мојсеј главата и деловите и лојот; а утробата и нозете ги изми со вода и така го вознесе Мојсеј целиот овен на жртвеникот: тоа е жртва сепаленица со пријатен мирис, принос пред Господа, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Потоа го доведе Мојсеј вториот овен, овен за посветување; и Арон и синовите негови ги ставија рацете свои врз главата на овенот. Па, откако го закла, зеде Мојсеј од крвта негова и го помаза со неа крајчето од десното уво на Арона и крајот на десната рака негова и крајот на десната нога негова. Ги доведе Мојсеј и синовите Аронови, па и ним им ги помаза краевите на десното уво, краевите на десната рака и краевите на десната нога; а другата крв ја изли кај жртвеникот наоколу. Потоа го извади лојот, ги зеде бедрата и лојот што беше на утробата, а и кошулката од слезината, како и двата бубрега, па лојот околу нив, и десната плешка, а од кошницата за посветување, која е пред Господа зеде еден бесквасен леб, и леб со елеј, како и една питка, па ги стави врз лојот и врз десната плешка. И сето тоа му го предаде на Арона в раце и во рацете на синовите негови и го вознесе како жртва пред Господа. Потоа го зеде тоа од рацете нивни Мојсеј и го изгори на жртвеникот заедно со жртвата сепаленица; тоа е жртва за посветување со пријатен мирис, принос пред Господа. Па ги зеде Мојсеј градите и ги одвои од жртвата пред Господа, од овенот за посветување; тоа е Мојсеев дел, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Потоа зеде Мојсеј од елејот за помазание и од крвта, што беше на жртвеникот, па го попрска Арона и одеждите негови, и синовите негови, и одеждите нивни, го освети Арона и одеждите негови и одеждите нивни. И му рече Мојсеј на Арона и на синовите негови: »Сварете го ова месо пред дверите на скинијата на сведоштвото, на место свето, и јадете го таму со леб, кој што е во кошницата за посветување, како што ми се заповеда и рече – Арон и синовите негови нека го јадат тоа. А она, што ќе остане од месото и од лебот, изгорете го со оган. И не излегувајте од дверите на скинијата на сведоштвото седум дена, додека не се завршат деновите на посветувањето ваше, зашто седум дена ќе се посветуваат рацете ваши. Како што се направи денес, така да се прави секогаш според Господовата заповед, за да се очистите од гревот. Затоа пред дверите од скинијата на сведоштвото стојте дење и ноќе седум дена и така запазате ги заповедите Господови, за да не умрете, зашто така ми заповеда Господ Бог.« А Арон и синовите негови направија сѐ онака, како што им беше заповедал Господ преку Мојсеја. А во осмиот ден ги повика Мојсеј Арона и синовите негови и старешините Израилеви, па му рече на Арона: »Земи од говедата свои теле поради грев, и овен за сепаленица, без недостаток и принеси ги пред Господа. И на старешините Израилеви им рече, велејќи: земете козел поради грев од козите ваши, и по еден овен, теле и јагне, едногодишни, принос, без недостаток, а и теле од говедата, и овен жртва за спасение пред Господа, и брашно пченично испржено со елеј, бидејќи денес ќе ви се јави Господ на вас.« Задоа си како што им заповеда Мојсеј, и сето тоа го донесоа пред скинијата на сведоштвото; се собра целиот народ, па застана пред Господа. Им рече Мојсеј: »Направете го она што го заповеда Господ, и во си ќе се покаже славата Господова.« Му рече Мојсеј на Арона: »Пристапи до жртвеникот и принеси жртва за гревот твој и твојата жртва сепаленица, помоли се за себе и за домот свој, и принеси жртва за народот и помоли се за нив, како што заповеда Господ.« Тогаш пристапи Арон до жртвеникот и закла теле поради својот грев, и принесоа синовите Аронови крв до него, и тој го натопи прстот свој во крвта и стави од неа на роговите од жртвеникот, а остатокот од крвта го изли во подножјето на жртвенкот; лојот и обата бубрега, и кошулката на селзината, ги постави врз жртвеникот поради својот грев, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја; месото, пак, го изгори надвор од логорот. Потоа закла жртва сепаленица, и синовите Аронови му поднесоа од крвта нејзина, а тој ја изли на жртвеникот одозгора наоколу; му ја донесоа и жрвата сепаленица во делови; сето тоа, и главата, ги изгори на жртвеникот, а утробата и нозете ги изми со вода, и ги стави врз жртвеникот заедно со жртвата сепаленица. Потоа тој принесе дар од народот; зеде козел поради гревот на народот, го закла, го очисти како и првиот и го принесе како жртва сепаленица, и го изврши тоа според заповедите како што треба. А принесе и жртва и ги наполни рацете со неа, и ја постави на жртвеникот, па врз утрената сепаленица ја изгоре и неа на жртвеникот. А закла и теле и овен како жртва за спасение на народот, и синовите Аронови му принесоа од крвта нивна, и тој ја изли врз жртвеникот одозгора наоколу; а лојот од телето и бедрата од овенот, и лојот што ја покрива утробата, и обата бубрега, и лојот од нив, како и мрежичката од слезината ги извади, па го стави лојот врз градите, и го вознесе лојот на жртвеникот; градите, пак, и десната плешка ги зеде Арон како учест пред Господа, како што му заповеда Господ на Мојсеја. Потоа ги подигна Арон рацете кон народот и го благослови, па потоа слезе, откако принесе жртва поради гревот и жртва сепаленица, како и жртва за спасение. А Мојсеј и Арон влегоа во скинијата на сведоштвото, па излегоа и го благословуваа целиот народ и им се јави славата Господава над сите луѓе: и се јави оган од Господа и изгоре над жртвеникот си – и сепалениците, и лојот; а народот, кога го виде тоа, се уплаши многу и падна ничкум на земјата. Двата сина Аронови, Надав и Авиуд, земајќи ја секој својата кадилница, ставија оган во нив, па ставија во нив и кадиво, и принесоа пред Господа туѓ оган, иако тоа не им беше заповедал Господ. Тогаш излезе оган од Господа, и ги изгоре, и умреа пред Господа. И му рече Мојсеј на Арона: »Тоа е она што го рече Господ, велејќи преку оние што ќе пристапуваат кон Мене, ќе се осветам и во цел собор ќе се прославувам.« И Арон се смири. Потоа Мојсеј ги повика Мисаила и Елисафана, синовите на Озил, чичкото на Арона, и им рече: »Дојдете и извадете ги браќата ваши од светилиштево надвор од логоров.« И тие пристапија и ги изнесоа заедно со хитоните нивни надвор од логорот, како што рече Мојсеј. Па му рече Мојсеј на Арона и на Елеазара и на Итамара, другите негови синови: »Не откривајте ги вашите глави, а и одеждите ваши да не ги раскинувате, за да не умрете и Господ да не се разгневи на целиот народ, туку браќата ваши, целиот дом Израилев нека плаче поради огнот што се запали од Господа; и не излегувајте од дверите на скинијата на сведоштвото, за да не загинете, зашто елејот за помазание на вас е од Господа.« И направија според зборовите на Мојсеја. И Господ му рече на Арона, велејќи: »Вино и сикер да не пиете, ти и синовите твои, кога ќе влегувате во скинијата на сведоштвото, а и кога ќе пристапувате кон жртвеникот, за да не загинете, тоа нека ви биде вечен закон во поколенијата ваши: за да можете да распознавате што е свето, а што не е; и што е чисто, а што не; учете ги синовите Израилеви на сите заповеди, што им ги кажа Господ преку Мојсеја.« Потоа Мојсеј му рече на Арона, и на Елеазара и на Итамара, другите негови синови: »Земајте од жртвата што ќе преостане и од приносите пред Господа и јадете го тоа кај жртвеникот, зашто тоа е најголема светиња. И јадете го тоа на свето место, бидејќи тоа е законски дел твој и законски дел на синовите твои од приносите пред Господа; зашто така ми заповеда Господ. А градите од жртвата што се принесува и плешките да ги јадете на свето место, ти и синовите твои, и домот твој со тебе, зашто со закон ти се даде тебе и на синовите твои дел од жртвите за спасение, што ги принесуваат синовите Изралеви. Плешките од жртвите што се принесуваат и градите од жртвите вознесувани да се донесуваат заедно со лојот што се вознесува пред Господа, и тоа да биде твое, и на синовите твои, и на ќерките твои со тебе, како дел со вечен закон, како што му заповеда Господ на Мојсеја.« Потоа Мојсеј побара козел како жртва поради грев; но, ете, тој беше изгорел; затоа се разгневи Мојсеј на Елеазара и на Итамара, синовите Аронови и рече: »Зошто не јадевте на свето место, бидејќи тоа е жртва поради грев што е најголема светиња; таа ви ја дава Господ вам да ја јадете, за да го ослободи целиот народ од грев и да се помолите за нив пред Господа; и ете крвта негова не е внесена во светилиштето; зашто требаше да ја јадете на свето место, внатре, како што ми заповеда Господ.« Тогаш му рече Арон на Мојсеја, велејќи: »Еве, тие денес принесоа жртва поради својот грев и жртва сепаленица пред Господа; и ми се случи ова. А да бев јал денес од жртвата за грев, ќе Му беше ли тоа угодно на Господа?« Го чу тоа Мојсеј и му беше угодно. И му рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи: »Кажете им на синовите Израилеви и речете им: ова се животните што ги има на земјата, кои можете да ги јадете – секое животно што има раздвоени копита и длабок рез меѓу копитата, и кое прежива, тоа да го јадете. Но од оние што само преживаат или само што имаат раздвоени копита, како што е камилата, да не јадете, бидејќи прежива, но нема и раздвоени копита; таа е за вас нечиста. И питом зајак, бидејќи прежива и нема раздвоени копита, нечист да ви е, и див зајак кој прежива, а нема раздвоени копита, нечист да ви е, и свињата, бидејќи има раздвоени копита, а не прежива – нечиста да ви е. Од месото нивно да не јадете, ниту, пак, мршите нивни да ги допирате – тие се за вас нечисти. А од си она, пак, што е во вода ова јадете го: – си што има перки и лушпи во водата, во морињата и езерата, јадете го. Она, пак, што нема перки и лушпи во водата, во морињата и езерата, сѐ она што плива по вода и живее во вода, осквернето е и нечисто да ви е. Од месото нивно да не јадете и од мршата нивна да се гнасите. Си што нема перки и лушпи во водата, тоа да ви е нечисто. А меѓу приците гнасете се и да не ги јадете, гнасни се – орелот и јастребот и морскиот орел, неситот, крагујот и слични на нив; и нојот, и совата, и галебот, и врапчето, и секаков гавран и сличен нему, и јастребот и слични нему и секаков буф, нуркач и ибис и слични на него; и пеликанот, и лебедот, дропјата и штркот, и чапјата и слични на нив, и пупунецот и лилјакот; и сите крилести гадови што одат на четири нозе, да ви се одвратни. Но од си она што има крилја и оди на четири нозе, а има и колена на нозете свои, за да скока по земјата, јадете. Од нив јадете ги само овие: скакулците и слични на нив, салемот и слични на него, арголата и слични на неа, и агавата и слични на неа. Си друго што има крилја и оди на четири нозе одвратно да ви е; со тоа да не се осквернувате. И секој што ќе се допре до нивно пцовисано тело, нечист ќе биде до вечерта. И секој што ќе понесе нивно пцовисано тело, нечист ќе биде до вечерта. Сите животни што имаат нераздвоени копита и што не преживаат, нечисти да ви се; секој што ќе се допре до такви пцовисани, нечист ќе е до вечерта. И си што оди на лапите свои, меѓу сите четвороножни животни, нечисто да ви е; кој ќе се допре до трупот нивни, нечист ќе биде до вечерта И кој ќе понесе труп нивни пцовисан, нека ја испере облеката своја и нечист е до вечерта; тие да ви бидат одвратни. А меѓу животните што лазат по земја да ви бидат нечисти: ласицата, глувчето и гуштерот, и ежот и камелеонот, дождалецот, творот, полжавот и кртот. Тие да ви се нечисти меѓу животните што лазат по земјата, и кој ќе се допре до нив пцовисани, нечист да е до вечерта. И на кои или на што ќе падне нешто од нив пцовисано, ќе биде нечист, било да е сад дрвен или облека или кожа или вреќа, и секој сад што е потребен за некоја употреба, да се стави во вода и ќе биде нечист до вечерта; потоа ќе биде чист. А и секој сад земјен, во кој ќе падне нешто од тоа, и си што ќе е во него, ќе биде нечисто, и садот скршете го. И секое јадење што го јадете, ако на него се излие таква вода, ќе биде нечисто, и секое питие што се пие во секој таков сад, ќе ви биде нечисто. И си на што ќе падне нешто од нивните пцовисани тела нечисто ќе е; и печката и огништето нека се растурат, зашто се нечисто, и нечисто ќе ви бидат. А освен изворот, потоците и бунарот, каде што се собира водата, ќе бидат чисти; но си што ќе се допре до пцовисан труп, ќе биде нечисто. Ако нешто, пак, од пцовисан труп падне на семе, што се сее, тоа ќе ви биде чисто. Но ако на семето се излие вода, па тогаш падне нешто од пцовисан труп на семето, тоа да ви биде нечисто. И кога ќе пцовиса што и да е од она од добитокот што го јадете, ако некој се допре до неговиот труп, нечист ќе биде до вечерта. А оној што ќе јаде од трупот негов, нека ја испере облеката своја и нечист ќе е до вечерта; и кој ќе фати нивни пцовисан труп, нека ја испере облеката своја и нечист ќе е до вечерта. И секаков гад што лази по земјата, да ви е одвратен и да не се јаде. Си што се влече на мев и си што оди на четири нозе или што е со многу нозе меѓу си она што се влече по земјата, тоа да не го јадете, бидејќи е нечисто. Не поганете ги душите ваши со ниедно од животните што лазат и не осквернувајте се од нив, за да не бидете нечисти со нив, зашто Јас сум Господ, вашиот Бог, осветувајте се и бидете свети, бидејќи Јас сум свет; и немојте да се осквернувате од сите гадови што се движат по земјата. Оти Јас сум Господ што ве изведе од земјата Египетска, за да ви бидам Бог; и така – бидете свети, зашто Јас сум свет. Тоа е закон за добитокот и за птиците, и за секоја душа што се движи во вода, и за секоја душа што лази по земја, за да се распознава чистото од нечистото и за да ги научите синовите Израилеви за животните кои можат да се јадат од животните што не треба да се јадат.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Изрилеви и речи им – кога жената ќе забремени и роди машко дете, нечиста ќе биде седум дена, како во деновите на природното очистување свое, така ќе биде нечиста. А во осмиот ден нека му се обреже на детето крајниот дел. А таа нека остане уште триесет и три дена чистејќи се од крвта; до ништо свето да не се допира и да не влегува во светилиштето си додека не изминат деновите не нејзиното чистење. А ако роди женско дете, тогаш нечиста да е четиринаесет дена, како во времето на природното чистење, и шеесет и шест дена нека остане, чистејќи се од крвта на својата нечистотија. И кога ќе се навршат деновите на чистењето нејзино, тогаш заради синот или заради ќерката нека донесе при свештеникот пред скинијата на сведоштвото јагне без недостаток, едногодишно – жртва сепаленица или гулапче или грлица како жртва поради грев. И свештеникот нека ја принесе пред Господа и да се помоли за неа, и така ќе ја очисти од течењето на крвта нејзина. Тоа е закон за жената што ќе роди машко или женско дете. Ако не е во можност да донесе јагне, тогаш нека земе две грлици или две гулапчиња, едното како жртва сепаленица, а другото поради жртва за грев; ќе се помоли за неа свештеникот, и таа ќе се очисти.« И им рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи: »Човек кај кого на кожата од телото негови се појави краста, оток, или, пак, по кожата на телото негово се појави знак на лепра, нека се доведе кај Арона свештеникот, или кај некој свештеник, еден од синовите негови. И нека ја види свештеникот раната од кожата на телото негово; па, ако влакната на раната побелеле и раната на поглед е пониска од другата кожа на телото негово, тогаш тоа е лепра; и кога ќе го види тоа свештеникот, ќе го прогласи за осквернет. Ако, пак, и отокот на кожата од телото негово побелел, и на поглед не спаднал, а влакната на кожата не побелеле, туку се темни, тогаш тој нека остане седум дена во темно место, а за раната свештеникот ќе одлучи во седмиот ден. А во седмиот ден нека ја види свештеникот раната; ако забележи дека раната останала таква каква што била и не се раширила по кожата, пак нека го одвои за седум дена. Свештеникот, пак, нека ја види раната во седмиот ден, па ако забележи дека раната потемнела, а не се раширила по кожата, тогаш свештеникот нека го прогласи за чист; тоа е лишај; нека ја испере облеката своја и ќе биде чист. Ако, пак, раната се прошири по кожата негова, откако свештеникот ја видел и го прогласил за чист, одново нека му се покаже на свештеникот; и ако свештеникот види дека раната на кожата негова се изменила, тогаш нека го прогласи за нечист; тоа е лепра. Кога човек има лепра, нека го приведат кај свештеникот. И свештеникот нека го види; ако струпот на кожата станал бел, а и влакната се побелени, ако и здраво месо има во струпот, тоа е застарена лепра на кожата негова; затоа свештеникот нека го прогласи за нечист, и да го одвои, бидејќи е нечист. Кога лепрата се појави на кожата и ја прекрие целата кожа на човекот, од главата до нозете, колку што може да види свештеникот, па кога ќе види дека лепрата ја покрила целата кожа на него, ќе го прогласи човекот дека е чист, бидејќи си побелело, па е чист. А во оној ден кога ќе се појави на него живо месо, тој е осквернет, нечист е. Па, штом види свештеникот живо месо, ќе го прогласи дека е нечист; живото месо е нечисто, тоа е лепра. Ако живото месо се измени и побели, тогаш нека дојде кај свештеникот. Кога ќе види свештеникот дека раната побелела, ќе го прогласи за чист, чист е. Ако кај него на кожата имало чир, па поминал, а потоа на местото каде што бил чирот се појави бела краста, струп, или плуска што се белее или црвенее, нека се покаже пред свештеникот. Ако свештеникот на поглед забележи дека таа е пониска од другата кожа и влакната на неа се побелени, тогаш ќе го прогласи за нечист; тоа е лепра што излегла од плуската. Ако свештеникот забележи дека влакната на неа не побелеле ниту е таа пониска од кожата, туку потемнеле, тогаш свештеникот ќе го одвои за седум дена. Ако му се прошири по кожата, тогаш свештеникот ќе објави дека е нечист; тоа е рана. И ако плуската останала на своето место и не се проширила, тогаш тоа е воспалена рана; затоа свештеникот ќе го прогласи за чист. Ако некој на кожата се изгорел, па откако местото ќе заздрави, остане бел или црвеникав или пробелен, тоа треба да го види свештеникот; ако влакната од кожата на тоа место побелеле и ако на поглед тоа место е пониско од кожата, тоа е лепра што се појавила од изгореното; затоа него свештеникот ќе го прогласи за нечист; тоа е рана од лепра. Штом свештеникот забележи дека на тоа место нема бели влакна и дека тоа не е пониско од другата кожа, туку само потемнело, ќе го одвои за седум дена. Во седмиот ден ќе го прегледа свештеникот, па, ако таа по кожата се проширила, нека го прогласи за нечист; тоа е рана од лепра, протекол гној. Ако е, пак, тоа место светликаво и раната не се проширила по кожата, а и темно е, тогаш тоа е рана од изгоретина. Него свештеникот нека го прогласи за чист; тоа е воспаление од изгорено. Кога при маж или жена се појави рана од лепра на главата или брадата, а свештеникот ја види раната, и утврди дека е таа подлабока од кожата и дека влакната на тоа место се истенчиле и пожолтеле, него нека го прогласи за нечист: тоа е рана, односно лепра на главата или на брадата. Но кога свештеникот ја прегледа раната и утврди дека таа не е подлабока од кожата и дека влакната на тоа место не пожолтеле, тогаш болниот што има рана нека го одвои за седум дена. Во седмиот ден свештеникот пак нека ја прегледа раната. И ако таа не се проширила ниту влакната пожолтеле и се види дека таа не навлагле подлабоко од кожата, тој треба да ги истриже влакната на кожата, на повреденото место да не се стриже и тогаш свештеникот повторно да го оддели за уште седум дена. Во седмиот ден свештеникот одново да ја прегледа раната. Па, ако увиди дека таа не се проширила по кожата на острижените места и дека на навлегла подлабоко во кожата, болниот нека го прогласи за чист; а тој нека ја испере облеката своја и ќе биде чист. Но, ако раната се проширила по кожата, откако е веќе прогласен за чист, свештеникот пак нека го прегледа и ако утврди дека таа се проширила по целата кожа – тогаш нека не бара жолтеникави влакна, бидејќи тој е нечист. Ако, пак, раната остане неизменета и во неа изникнале црни влакна, тоа значи дека раната е исцелена: тој е чист. Свештеникот нека го прогласи за чист. Ако по кожата на телото на маж или жена има пеги или бели дамки, и свештеникот види и утврди дека по кожата има пеги, односно бели светли дамки, тогаш тоа е лишај, кој се појавил на кожата на неговото тело. Тој е чист. Ако некому му паднала косата од главата, тој е ќелав – но чист е; ако, пак, некому му паднала косата само од предната страна на главата, тоа е пак ќелавост – чист е. Ако по ќелавото или проќелавото место се појавиле белузлави дамки или црвеникави пеги, тоа што се појавиле тие тоа е лепра на ќелавото, односно проќелавото место. Свештеникот да го прегледа, и ако види дека отокот на раната е белузлав или црвеникав по ќелавото или проќелавото место и изгледа како лепра по кожата на телото негово, тој е лепрозен, нечист; свештеникот да го прогласи за нечист: зашто на главата има рана. На лепрозниот, кој има таква рана, облеката да му се раскине, и главата да му биде откриена, да биде забраден околу устата и да извикува: нечист сум! Си додека ја има раната треба да се смета за нечист; тој е нечист и треба да живее одвоена; неговото жевеалиште да биде надвор од населбата. Ако се јави зараза од лепра и на облеката – волнена или ленела или врз основата или јатокот ленен или волнен, или на кожа, или на си што е направено од кожа, и ако дамките се зеленикави или црвеникави на облеката или на кожата, или на основата или јатокот, или на каков и да било предмет од кожа – тоа е зараза од лепра; таа треба да му се покаже на свештеникот, а свештеникот нака ја прегледа заразата и заразеното да го оддели за седум дена. На седмиот ден свештеникот нака го прегледа заразеното: па, ако заразата се проширила по облеката, или по основата, или по јатокот, или по кожата, или по каков и да било предмет од кожа, лепрата е рана, нечист е. Тој треба да ја изгори облеката, било основата, било волнениот или ленениот јаток, или каков и да било предмет од кожа, на кој се појавила заразата, бидејќи тоа е вистинска лепра – на оган да се изгори. Ако свештеникот види дека заразата не се проширила по облеката или по основата или по јатокот, или па каков и да било предмет од кожа, нека нареди да се испере она на што има зараза, и повторно да го отстрани за уште седум дена. А ако по миењето свештеникот види дека заразеното не го изменило својот изглед, па дури и ако не се раширило, тоа е нечисто: треба да се изгори на оган, бидејќи се појавило на облека, основа или јаток. Ако, пак, свештеникот види дека по перењето се појавила темна рана, тогаш тој нека ја истргна од облеката, или од кожата, или од основата, или од јатокот. Ако се појави пак белег од заразата што се проширила на облеката или на основата или на јатокот, тоа е зараза: да се изгори на оган она на што се појавила заразата. Ако, пак, откако ќе се испере облеката или основата, или јатокот или каков и да било предмет од кожа, заразата се загубила од нив, треба повторно да се исперат, и ќе бидат чисти. Тоа е законот за зараза од лепра врз облеката волнена или ленана, врз основа или јаток, или врз каков и да било кожен предмет – како да се објави дека и тој чист или нечист.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Еве го законот за лепрозен, кога се извршува неговото очистување: во денот кога треба да го доведат кај свештеникот. Свештеникот треба да излезе надвор од населбата, па ако увиди дека тој се исцерил од лепрата, да нареди за оној што се очистил да се замат две чисти живи птици, кедрово дрво, црвениот јаток и исоп. Потоа свештеникот да заповеда да се заколе една од приците над глинен сад, над изворска вода; и да ја земе живата птица, кедровото дрво, црвениот јаток и исопот, и да ги натопи нив и живата птица во крвта на птицата заклана над живата вода, и попрскувајќи го седумпати оној, што се очистил од лепрата, да го прогласи за чист, а живата птица да ја пушти в поле на слобода. Оној, што се очистил, да ги испере алиштата свои, да ја истриже сета коса, да се измие со вода, и ќе биде чист; потоа да влезе во населбата и да престои седум дена надвор од домот свој. На седмиот ден да се избричат сите влакна на главата, на брадата, на веѓите – сите влакна да ги избричат и да ги испере алиштата, потоа да го измие телото свое со вода, и ќе биде чисто; на осмиот ден да земе две машки јагниња, едногодишни, без недостаток, и една овца едногодишна без мана како и три десетини од ефа пченично помешано брашно со елеј, со лебен принос, и една мерка елеј. Свештеникот, што ќе го врши очистувањето, да го претстави оној што се очистува заедно со приносот пред Господа при влезот од скинијата на сведоштвото. И ќе го земе свештеникот едното јагне и ќе го приведе како жртва за престап, и мерка со елеј, а ќе го принесе тоа, положувајќи ги пред Господа; и ќе го заколе јагнето на она место, каде што се колат жртвите сепалеции поради грев, и тоа на свето место, зашто жртвата за грев како и за престап му припаѓа на свештеникот: тоа е светост над светостите. И свештеникот ќе земе од крвта на жртвата за престап и ќе го намаже крајчето од десното уво на оној кој се очистува, и палецот на десната рака, и палецот на десната нога. Потоа свештеникот ќе земе елеј од чашата и ќе го излие во својата лева рака, Па ќе го натопи својот десен прст во елејот што му е во левата рака, и со прстот ќе попрска од елејот седумпати пред Господа, а со остатокот од елејот, што му е во раката, ќе го намачка крајчето од десното уво на оној што се очистува, и палецот на десната нога, и палецот на десната рака, на оние места каде што е крвта од жртвата поради престап. Преостанатиот, пак, елеј, што му е во раката на свештеникот, тој ќе го излие врз главата на оној што се очистува; и свештеникот ќе се помоли за него пред Господа. Потоа свештеникот ќе ја принесе жртвата за грев и ќе се помоли за оној што се очистува од гревот свој, а потоа ќе ја заколе жртвата сепаленица. и ќе ги принесе жртвата сепаленица и лебниот принос на жрвеникот пред Господа; потоа свештеникот ќе се помоли за него и тој ќе се очисти. Ако е, пак, сиромав и не е во можност, тој нека земе едно едногодишно јагне за она во што престапил, за да се помоли свештеникот за него, и еден десетти дел од ефа пченично брашно, помешано со елеј, како лебен принос, и една чаша со елеј, и две грлици или два млади гулаба, што ќе најде, – едната од тие птици да е жртва за грев, а другата како жртва сепаленица. На осмиот ден, за да се очисти, да му ги донесе тој на свештеникот при вратата од скинијата на сведоштвото, пред Господа. Свештеникот ќе го земе јагнето како жртва за престап и мерката со елеј, за да ги принесе, како жртва пред Господа. И, штом ќе го заколе јагнето како жртва за престап, свештеникот ќе земе од крвта на жртвата за престап и ќе го намаже крајчето од десното уво на оној, кој се очистува, и палецот на десната рака, и палецот на десната нога. А од елејот свештеникот ќе излие во својата лева рака; и со десниот прст, од елејот што му е во раката, да попрска седумпати со прст пред Господа. И да го намаже свештеникот со елеј, од оној што му е во раката, крајчето на десното уво на оној што се очистува, и палецот на десната рака, и палецот на десната нога, на она место каде што е крвта од жртвата за престап. Остатокот, пак, од елејот што му е во раката, да ги излие врз главата на оној што се очистил, и да се помоли за него пред Господа. Потоа нека ја принесе свештеникот едната грлица, или едниот млад гулаб, каков што ќе најде, оној, кој се очистува; едната птица жртва за грев, а другата жртва сепаленица заедно со лебникот принос; и нека се помоли пред Господа за оној, кој се очистува.« Тоа е законот за оној што добил лепра, а при чистењето нема доволно средства. И им рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи: »Кога ќе влезете во земјата Хананска, што ви ја давам да ја владеете, и испратам лепра во куќите што ќе бидат ваши, тогаш оној, чија е куќата, треба да отиде кај свештеникот и да каже – во мојата куќа се појави рана. А свештеникот ќе нареди куќата да се изпразни пред да влезе тој за да ја прегледа заразата, за да не стане нечисто сѐ што е во куќата, потоа свештеникот ќе влезе и ќе ја прегледа куќата. И тој, кога ќе ја прегледа раната и види дека заразата по ѕидовите на куќата се состои од зеленикави или црвеникави длабнатинки и по својот изглед се всадила во ѕидовите, тој, тогаш ќе излезе од куќата низ вратата, а куќата ќе ја затвори за седум дена. А во седмиот ден кога ќе се врати, и види дека заразата се проширила по ѕидовите на куќата, ќе нареди да се извадат камењата на кои има зараза, и да ги фрлат надвор од населбата, на нечисто место; а куќата одвнатре целата да ја истружат и струганиците да ги исфрлат надвор од населбата, на нечисто место; И да земат други камења и да ги стават на местото на извадените и со друга мачканица да ја измачкаат куќата. Ако заразата пак се појави и почне да се шири по куќата, откако се извадени камењата и куќата е истругана и премачкана, свештеникот, штом ќе влезе и види дека заразата се раширила по куќата, во таа куќа има лепра – нечиста е. Таа куќа да се урне, а камењата и дрвата и целата струганица од мачканицата на куќата да се изнесат надвор од населбата, на нечисто место. Оној што ќе влегува во таа куќа, додека е таа затворена, нечист ќе биде до вечерта; а оној што ќе спие во таа куќа да ја испере облеката своја и нечист да е до вечерта; а кој ќе јаде во таква куќа, и тој треба да ја испере облеката свој и нечист ќе е до вечерта. Ако, пак, свештенкот дојде и види дека заразата во куќата не се раширила, откако е куќата премачкана, нека ја очисти куќата, бидејќи заразата поминала. А за да ја очисти куќата, ќе земе две чисти живи птици, кедрово дрво, црвен јаток и исоп, и ќе ја заколе едната птица во глинен сад над изворска вода. Потоа тој ќе го земе кедровото дрво и исопот, црвеникот јаток и живата птица и ќе ги натопи во крвта од закланата птица и во изворската вода, и ќе ја попрска куќата седумпати, и ќе ја очисти куќата со крвта од птицата и со живата вода, со живата птица и кедровото дрво, со исопот и со црвениот јаток; потоа живата птица да ја пушти во полето на слобода, надвор од населбата, да се помоли за домот и домот ќе биде чист. Тоа е законот за секоја зараза од лепра и за друга проказа, и за лепра по облеката и по куќите, и за оток, и за лишај, и за пеги, – за да се знае кога се нечисти, а во кој ден ќе бидат чисти: ова е законот за лепра.« И им рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи: »Зборувај со синовите Израилеви и кажи им: ако некој маж има излив од телото свое, неговиот излив е нечист. А ова е законот за неговата нечистотија: кога изливот истечува од неговото тело, и кога изливот се задржува во неговото тело, тоа е негова нечистотија во него самиот. Во сите денови на изливот од неговото тело, со што е опфатено неговото тело – тоа е негова нечистотија. Секоја постела, на која ќе легне оној што има излив од семе, нечиста е; и секој предмет, на кој ќе седне оној кој има излив од семе, нечист е. И кој ќе се допре до неговата постела, да ја испере облеката своја и да го измие телото свое со вода и да биде нечист до вечерта. А и кој ќе седне на некој предмет, на кој седел оној што има излив од семе, да ги испере алиштата свои и да се измие со вода и ќе биде нечист до вечерта. И кој се допре до телото на оној што има излив од семе, да ја испере облеката своја и да се измие со вода и да биде нечист до вечерта. Ако оној, што има излив од семе, плукне на чист, тогаш тој да ги испере алиштата свои и да се измие со вода и ќе биде нечист до вечерта; и секое седло на добиток, на кое седнал оној што има излив од семе, нечисто да е до вечерта; и секој што ќе се допре до што и да било, што било под него, нечисто ќе биде до вечерта; и оној што ќе го крене тоа, да ја испере облеката своја и да се измие со вода и ќе биде нечист до вечерта. И секој, до кого што ќе се допре оној што има излив од семе, а не си ги измил рацете свои, да ги испере алиштата свои и да го измие телото свое со вода и нечист ќе биде до вечерта. Гленен, пак, сад до кој што ќе се допре оној што има излив од семе, да се скрши; а секој дрвен сад да се измие со вода и ќе биде чист. А кога оној, што има излив од семе, ќе си определи седум дена за очистување свое, да ја испере облеката своја и да го измие телото свое, со изворска вода, па ќе биде чист; а на осмиот ден да земе две грлици или два млади гулаба, и да ги донесе пред Господа при влезот до скинијата на сведоштовото, и да му ги даде на свештеникот. А свештеникот едната од тие птици ќе ја принесе како жртва за грев, а другата за сепаленица, а потоа пред Господа за него ќе се помоли за изливот негов. Ако некому му се случи излив на семе во сон; тогаш тој треба да го измие со вода целото тело свое и ќе биде нечист до вечерта; секоја облека или кожа, на која ќе се излие семе, треба да се испере со вода и ќе биде нечист до вечерта. Ако маж легне со жена своја со излиено семе, тие и обајцата треба да се измијата со вода и ќе бидат нечисти до вечерта. Кога жена има излив на крв, што тече од нејзиното тело, треба да биде одделена седум дена додека е нечиста, и секој што ќе се допре до неа, да биде нечист до вечерта. И си, на што ќе легне таа, додека трае очистувањето нејзино, да е нечисто; и си, на што ќе седна таа, да е нечисто. И секој што ќе се допре до постелата нејзина, треба да ја испере облеката своја и да го измие со вода телото свое, и ќе биде нечист до вечерта. А и секој, што ќе се допре до постелета нејзина, треба да ја испере облеката своја и да го измие со вода телото свое, и ќе биде нечист до вечерта. И ако некој се допре до што и да било што е на постелата нејзина, или на што и да е, на што седела таа, нечист да биде до вечерта. А ако се неа биде некој, нечистотијата нејзина ќе мине на него: ќе биде нечист седум дена, и секоја постела на која ќе легне тој, ќе биде начиста. Ако некоја жена има излив на крв многу денови, но не во текот за време очистувањето нејзино, и ако таа има излив подолго од нејзиното обично чистење, си додека трае нечистотојата нејзина, нечиста е како за време на чистењето свое. Секоја постела, на која ќе легна таа во деновите на изливот нејзин, да биде нечиста како и постелата за време на нејзиното чистење; и си она, на што ќе седна таа, да биде нечисто, поради нечистотијата нејзина. И секој што ќе се допре до неа, да биде нечист, да ги испере алиштата свои и да го измие телото свое и нечист ќе биде до вечерта. А кога жена ќе се исчисти од изливот свој, да изброи седум дена и потоа ќе биде чиста. Во осмиот ден да зема две грлици или два млади гулаба и да му ги однесе на свештеникот при влезот од скинијата на сведоштвото; а свештеникот да принесе една од птиците како жртва за грев, а другата за сепаленица, и да се помоли за неа пред Господа поради изливот на нечистотијата нејзина. Така пазете ги синовите Израилеви од нивната нечистотија, за да не умрат поради нечистотијата своја, ако го осквернат Моето живеалиште, кое е меѓу нив. Тоа е законот за оној што има излив од семе, и за оној што ќе му се случи да има излив на семе при спиење, бидејќи тоа го прави нечист; а и за онаа што страда од излив на крв, и за оние што имаа излив, маж или жена, и за маж што ќе преспие со нечиста.« И му зборуваше Господ на Мојсеја по смртта на двајцата Аронови синови, кога тие, откако принесоа туѓ оган пред Господа умреа; па му рече: – »Кажи му на братот твој Арона да не влегува во светилиштето зад завесата во секое враме пред очистилиштето, што е врз ковчегот на сведоштвото, за да не умре, бидејќи Јас ќе се јавувам над очистилиштето во вид на облак. Еве вака да влегува Арон во светилиштето: со теле како жртва за грев и со овен за сепаленица. Тој треба да го облекува осветениот ленен хитон, на долната половина од телото свое да има ленена облека и да се опашува со ленен појас, ленен кидар да става – тоа се свети облеки; прво треба да го измие целото свое тело со вода и потоа да ги облекува. И од заедницата на синовите Израилеви да земе Арон два козела од козите како жртва за грев и еден овен за сепаленица. Потоа Арон да приведе теле како жртва поради гревот свој и да се помоли за себе и домот свој, па ќе ги земе двата козела и ќе ги постави при вратата од скинијата на сведоштвото. И тогаш Арон ќе фрли жреб за двата козела: еден жреб за Господа, а другиот за отпуштање. И да го доведе Арон козелот на кој паднал жребот за Господа, и да го приведе како жртва за грев; а козелот на кој паднал жреб за отпуштање, да го постави жив пред Господа, и откако се помоли над него, да го пушти во пустињата за отпуштање, и козелот ќе ги понесе врз себе сите нивни беззаконија во непроодна земја. Потоа Арон да го приведе телето како жртва поради својот грев и да се помоли за себе и за домот свој и да го заколе како жртва поради гревот свој. А потоа да земе кадилница, полна со разгорени јаглења од жртвеникот, што е пред Господа, и да ги наполни рацете со чист темјан, и тоа да го внесе зад завесата; и да го стави темјанот врз огнот пред Господа; и димот од темјанот ќе го покрие очистилиштето, што е над ковчегот на сведоштвото, за да не умре. И ќе земе од крвта на телето и со прст ќе го попрска очистилиштето од источната страна; седумпати да попрска од крвта со прстот свој пред очистилиштето. Тогаш да го заколе козелот пред Господа – жртва поради грев на народот, и да внесе од крвта негова зад завесата, и со неа да направи исто што направи со крвта од телето, и да попрска врз очистилиштето и спрема очистилиштето, и да го очисти светилиштето од нечистотиите на синовите Израилеви и од неправдите нивни, и од сите нивни гревови. Така треба да постапи тој и со скинијата на сведоштвото, која е меѓу нив, среде нечистотиите нивни. Кога влегува во светилиштето треба да се помоли, и си додека тој не излезе, никој да нема во скинијата, а и да се помоли за себе, за домот свој и за целото општество на Израилот. Потоа ќе пристапи пред жртвеникот, што е пред Господа, и ќе се помоли над него и ќе земе од крвта на телето и од крвта на козелот, и ќе го помаже роговите на жртвеникот наоколу, и ќе попрска со прстот свој од крвта седумпати, за да го очисти и освети од нечистотиите на синовите Израилеви. Па, откако ќе ги очисти светилиштето, скинијата на сведоштвото и жртвеникот и откако ќе ги очисти свештениците, ќе го приведе живиот козел. Потоа да ги положи Арон двете свои раце врз главата на живиот козел, да ги исповеда над него сите беззаконија на синовите Израилеви, и сите нивни престапи, и сите нивни гревови, и да ги стави врз главата на живиот козел, и да го пушти преку раката на определен човек во пустињата; и козелот ќе ги понесе врз себе сите нивни беззаконија во непроодна земја; и да го пушти козелот во пустињата. Тогаш Арон да влезе во скинијата на сведоштвото, да ја соблече ленената облека, во која беше облечен при влегувањето во светилиштето, и таму да ја остави, и да го измие телото свое со вода на свето место, да ги облече своите алишта, па, штом ќе излезе, да принесе сепаленица за себеси и за сиот народ, да се помоли за себе, за домот свој, за народот и за свештениците; лојот пак од жртвата за грев да го принесе врз жртеникот. А оној, што ќе го одведува козелот за отпуштање, да ја испере облеката своја, да го измие телото свое со вода, и по сето тоа може да влезе во населбата. А телето за грев и козелот за грев, чија крв се внесува во светилиштито за очистување, да ги изнесат надовор од населбата, и да ги изгорат на оган кожите нивни, месото нивно и нечистотиите нивни; оној, пак, што ќе ги пали, да ги испере алиштата свои и да го измие телото свое со вода, и тогаш ќе може да влезе во населбата. И тоа да ви биде вечен закон: во седмиот месец, на десетиот ден од месецот, смирувајте ги душите ваши, и никакава работа да не вршите, ни вие, нити придојдените, населени меѓу вас, зашто во тој ден ќе се помоли за вас за да ве очисти од сите ваши гревови пред Господа, и ќе бидете чисти; тоа да биде сабота над саботите; смирувајте ги душите ваши – тоа ќе биде вечен закон. Ако се помоли оној свештеник што ќе биде помазан и посветен да свештенодејствува место татка си: нека облекува ленена облека, облека света; и да ги очисти свјатаја свјатих и скинијата на сведоштвото, и жртвеникот да го очисти, и да се помоли за свештениците и сиот собран народ. Ова да биде за вас вечен закон: и да се помоли за синовите Израилеви еднаш годишно поради сите нивни гревови, како што му заповеда Господ на Мојсеја.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи му на Арона и на синовите негови и на сите синови Израилеви и речи им: еве што заповеда Господ, велејќи: ако некој од синовите Израилеви или придојден, присоединет кон вас, заколе теле или овца или коза во населбата, или надвор од населбата, а не го приведе при влезот од скинијата на сведоштвото, за да принесе сепаленица или жртва за спасение, угодна пред Господа, со благопријатен мирис, и ако некој заколе надвор од населбата и не го донесе при влезот од скинијата на сведоштовото, за да Му принесе дар на Господа пред скинијата Господова, тогаш тој човек да се обвини за крв: тој пролеал крв, да се истреби од народот негов. Така да ги принесуваа синовите Израилеви жртвите свои, што ги колат в поле и да ги приведуваат пред Господа при влезот од скинијата на сведоштвото, кај свештеникот, и да ги колат пред Господа како жртви за спасение, и за да излие свештеникот крв околу жртвеникот пред Господа при влезот од скинијата на сведоштвото и да ги изгори лојот за благопријатен мирис пред Господа. И да не принесуваа залудо жртви свои на идоли, во кои самите блудствуваат следејќи ги. Ова нека биде вечна наредба и за поколенијата ваши. Кажи им уште – ако некој од домот Израилев или од придојдените, кои живеат меѓу вас, принесува сепаленица или жртва и да не ја приведе при влезот од скинијата на сведоштвото, за да ја принесе пред Господа, таа душа да се истреби од народот свој. Ако, пак, некој од домот Израилев или од придојдените, што живеат меѓу вас, јаде каква и да било крв, тогаш Јас ќе го свртам лицето Мое против душата на оној, што ќе јаде крв, и ќе го истребам од народот Мој, зашто душата на секое тело е неговата крв, и Јас ви ја дадов за жртвеникот за да се молите за душите ваши, бидејќи таа крв ќе се помоли место душата. Поради тоа и им реков на синовите Израилеви: ниедна душа меѓу вас не смее да јаде крв, па ни придојдениот, кој живее меѓу вас, не смее да јаде крв. А, ако некој од синовите Израилеви и придојдените, што живеат меѓу вас, фати во лов ѕвер или птица, што се јаде, да ја пушти крвта да истече и да ја покрие со земја, зашто душата на секое тело е во крвта негова и им реков на синовите Израилеви: не јадете крв од никакво тело, бидејќи душата на секое тело е во крвта негова, секој што ќе ја јаде ќе се истреби. И секој што јаде мрша или ѕверојадина, ваш или придојден, нека ја испере облеката своја, да го измие телото свое со вода и ќе биде нечист до вечерта, а потоа ќе биде чист. Ако, пак, не ги испере алиштата свои, и не го измие телото свое со вода, ќе го прими своето беззаконие врз себе«. И му рече Господ Бог на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви и речи им: Јас сум Господ Бог ваш. Не постапувајте според делата на Египетската земја, во која живеевте, не постапувајте ни според делата на земјата Хананска, во која ве водам, и не управувајте се според нивните закони. Извршувајте ги сите Мои наредби и пазете ги сите Мои заповеди, одете по нив, Јас сум Господ, Бог ваш. Пазете ги сите Мои наредби и сите заповеди и извршувајте ги, и секој што ги извршува жив ќе биде, Јас сум, Господа, Бог ваш. Никој не смее да се доближува до сродниците по тело, за да ја открие голотијата нивна. Јас сум Господ. И голотијата на таткото свој и голотијата на мајката своја да не ја откриваш; таа ти е мајка, не откривај ја голотијата нејзина. Голотијата на татковата жена не откривај ја: таа е таткова голотија. Голотијата на сестрата твоја, која е од татка ти или од мајка ти твоја, родена во куќата или надвор од куќата, да не ја откриваш голотијата нејзина. Голотијата од ќерката на синот твој или од ќерката на ќерката твоја, не откривај ја голотијата нивна, зашто тие се твоја голотија. Голотијата на ќерката од татковата жена, не откривај ја, таа ти е сестра по татко. Голотијата на татковата сестра не ја откривај; таа е од иста крв со таткото твој. Голотијата на мајкината сестра не ја откривај, таа е од иста крв со мајката твоја. Голотијата на татковиот брат не ја откривај и до неговата жена не се доближувај, таа ти е стрина. Голотијата на снаата своја не ја откривај, таа е жена на твојот син – затоа не ја откривај голотијата нејзина. Голотијата на братовата жена не откривај ја, таа е голотија на братот твој. Голотијата на жена и на ќерка и не ја откривај; ќерката на синот нејзин и ќерката на ќерката нејзина не ги земај, за да ја откриваш голотијата нивна: тие се од иста крв; тоа е беззаконие. Не земај ја за наложница сестрата на твојата жена за да ја откриеш голотијата нејзина пред неа, си уште додека е жива таа. И до жена, си додека трае чистењето од нечистотијата нејзина, не доближувај се за да ја откриеш голотијата нејзина. И со жената на ближниот твој не легнувај, за да излееш семе и да се оскверниш со неа. Од децата свои не му давај жртва на Молоха и не го обесчестувај светото име. Јас сум Господ. Не легнувај со маж, како со жена: тоа е одвратност. И со ниедно четвороножно животно не легнувај за да излееш семе, па да се оскверниш со него; и жена не смее да легнува по ниедно четвороножно животно, за да се спои со него: тоа е гнасотија. Не осквернувај се со сево ова, затоа што со сето тоа се оскверниле народите, кои Јас сакам да ги отфрлам од вас; и земјата се оскверни од нив, и Јас ги казнив поради неа, и така земјата ги исфрли своите жители. А вие пазете ги сите Мои закони и сите Мои повелби и не вршете ниедно од сите овие гнасотии, ниту вие овдешните, ниту придојдените кои живеат меѓу вас, зашто сите тие гнасотии ги правеа луѓето на таа земја, што беа пред вас, и земјата се оскверни; за да не се налути земјата и на вас, кога ќе ја оскверните, па да не ве исфрли, како што ги исфрли народите што беа пред вас. Зашто сите, што ги вршат овие гнасотии, ќе бидат истребени од народот свој. И така, пазете ги сите Мои повелби за да не извршувате ниеден од нивните гнасни закони, како што постапуваа оние што беа пред вас, и да не се оскверните со нив, оти Јас сум Господ, Бог ваш.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи му на целото општество на Израилевите синови и речи им: бидете свети, затоа што сум свет, Јас Господ, вашиот Бог. Секој да се плаши од таткото свој и од мајката своја и да ги запазува Моите саботи. Јас сум Господ вашиот Бог. Не одете по идоли, и излеани богови не правете си. Јас сум Господ, вашиот Бог. Кога Му принесувате на Господа жртва за спасение, принесувајте ја за да биде примена. Таа треба да се јаде во денот, кога ја принесувате, и вториот ден, а она што ќе остане во третиот ден, да се изгори на оган. Ако некој ја јаде во третиот ден, тоа не е жртва и нема да се прими. Оној што ќе ја јаде, ќе навлече врз себе грев, бидејќи го осквернил она што Му е свето на Господа, и душите на тие што јаделе, ќе им бидат истребени од народот Негов. Кога ја собирате жетвата од земјата своја, не ја жнеј нивата своја до крај, и паднатите класја од жетвата своја не собирај ги. а и лозјето свое не собирај го до зрно, и паднатите зрна од брањето не собирај ги; остави го тоа за сиромавиот и придојдениот. Јас сум Господ, вашиот Бог. Не крадете, не лажете и не клеветете го ближниот свој. Не колнете се лажно во Моето име, на осквернувајте го светото име на вашиот Бог; Јас сум Господ, вашиот Бог. Не навредувај го ближниот свој. Наградата на наемникот твој не смее да остане кај тебе до утредента. Не навредувај глув човек и пред слеп не ставај ништо, од кое може да се сопне; бој се од Господа, твојот Бог. Јас сум Господ, Бог ваш. Не прави неправда, а кога си во судот: не биди пристрасен спрема сиромавиот и не угодувај му на големецот; суди му на ближниот свој по правда. Не шири лага меѓу народот свој и не посегнувај врз животот на ближниот свој. Јас сум Господ, вашиот Бог. Во мислите свои не завидувај му на братот твој; изобличи го ближниот свој и нема да ти се прими за грев поради тоа. Да не се одмаздува раката твоја и не биди им непријател на синовите од народот твој, туку сакај го ближниот свој како самиот себе. Јас сум Господ, вашиот Бог. Запазувај го законот Мој, не мешај го добитокот свој со добиток од друг род; во лозјето свое не сади различни лози; облека ткаена од две преѓи не облекувај. Ако некој преспие со жена, а таа е робинка, свршена за маж, но уште неоткупена, или уште не и е дадена слобода, да се казнат и обајцата, но не со смрт, зашто таа не е слободна; тој нека донесе пред Господа при влезот од скинијата на сведоштвото жртва за принос: еден овен, и да се помоли свештеникот пред Господа, преку овенот за престап, за гревот што го направил, и извршениот грев ќе му биде простен. Кога ќе влезе во земјата, која Господ, вашиот Бог, ви ја дава, и ќе посадите секакво плодно дрво, очистете ја нечистотијата негова, три години неговиот плод треба да е за вас нечист и да не се јаде; а во четвртата година секој негов плод е свет, посветен на Господа за благодарност. Во петтата, пак, година, можете да ги јадете плодовите негови и да го собирате целиот негов род. Јас сум Господ, вашиот Бог. Не јадете ништо со крв и не гатајте според летот на птиците. Не стрижете ја главата своја наоколу и не расипувајте го изгледот на брадата своја. Заради умрен не правете рецки по снагата своја и не цртајте букви по телото свое. Јас сум Господ, вашиот Бог. Не осквернувај ја ќерката своја, со тоа што ќе и дозволиш да врши блудство и да се исполни земјата со беззаконија. Саботите Мои пазете ги и бојте се од она што Ми е свето. Јас сум Господ. Не одете по оние што повикуваат духови на мртви, и до маѓесници не доближувајте се, и не дозволувајте да ве осквернат. Јас сум Господ, Бог ваш. Пред седо лице станувај, почитувај го лицето на старец и бој се од Господа, твојот Бог. Јас сум Господ, Бог ваш. Кога придојден ќе се насели во земјата ваша, не жалостете го; придојдениот меѓу вас нека ви биде исто како тукашен; сакајте го како себеси, затоа што и вие бевте придојдени во Египетската земја. Јас сум Господ, Бог ваш. Не правете неправда кога судите, кога мерите со терезија и кога измерувате; мерките ваши да ви бидат точни, теговите точни, ефата верна. Јас сум Гопод, Бог ваш, што ве изведов од Египетската земја. Пазете го целиот Мој закон и сите Мои повелби, и извршувајте ги. Јас сум Господ, Бог ваш.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви, говорејќи: ако некој од синовите Израилеви или од придојдените, кои живеат меѓу Израилците, му даде жртва на Молоха од децата свои, да умре; народот од земјата со камења да го убие. И Јас ќе го свртам лицето Мое против тој човек и ќе го истребам од народот негов, затоа што му дал на Молоха жртва од децата свои, за да го оскверни Моето светилиште, и да се оскверни името на оние што сум ги осветил. И ако народот од земјата ги затвори очите пред тој човек, кога ќе му даде ма Молоха жртва од своите деца, и не го убие, тогаш Јас ќе го свртам лицето Мое против тој човек и неговиот род, ќе ги истребам и сите едномисленици, што ќе го следат во блудството негово со идолите на тој народ. И ако некоја душа тргне по оние што гатаат на животински црева, и по магесници, за да го следат нивното блудство, Јас ќе го свртам лицето Мое против таа душа и ќе ја истребам од народот нејзин. Бидете свети, зашто Јас, вашиот Господ Бог, сум свет. Пазете ги Моите повелби и извршувајте ги, оти Јас сум Господ, Кој ве осветува. Човек, кој го навредува таткото свој или мајката своја да биде убиен; тој што го злословува таткото свој или мајката своја: виновен е. Ако некој изврши прељуба со мажена жена или со жената на ближниот свој – да бидат убиени и прељубодеецот и прељубодејката. Кој ќе легне со жената на таткото свој, тој ја открил голотијата на татка си; обајцата да бидат убиени; виновни се. Ако некој легне со снаата своја, и обајцата да бидат убиени, тие извршиле нечисто дело – виновни се. Ако некој легне со маж како со жена, и обајцата извршиле гнасно дело: да бидат убиени, виновни се. Ако некој се ожени со ќерка или мајката нејзина, тоа е беззаконие: со оган да бидат изгорени и тој и таа, за да нема беззаконие меѓу вас. А, ако некој пристапи кај некое животно, за да се соедини со него, убиј го него и животното: тие треба да бидат убиени – виновни се. И жена ако пристапи до животно, да се соедини со него, да ги убиете и жената и животното – да умрат, виновни се. Ако некој ја земе сестрата своја, или татковата ќерка, или мајкината ќерка, и ја види голотијата нејзина, и таа ја види голотијата негова: тоа е срам; да бидат истребени од својот народ: тој ја открил голотијата на сестрата своја – затоа ќе го прими гревот свој врз себе. Ако некој легне со жена кога е нечиста од излив на крв, и ја открие голотијата нејзина, изливот на нејзината крв, и таа го открие изливот на својата крв: и обајцата да бидат истребени од народот свој. Голотијата од мајкината сестра и голотијата од сестрата на твојот татко не откривај ја, зашто тој открива родбинска голотија, тие гревот свој ќе го носат врз себе. И ако некој легне со роднина своја, тој ја открил Голотијата на родот свој: нека умрат без деца. Ако некој ја земе братовата жена: тоа е гнасно дело; тој ја открил голотијата на братот свој, и обајцата ќе умрат без деца. Запазете ги сите Мои повелби и сите Мои заповеди и извршувајте ги – и нема против вас да вознегодува земјата, во која ве водам да живеете во неа. Не постапувајте според законите на незнабошците што ќе ги изгонам пред вас; затоа што тие сето тоа го правеа, Јас вознегодував против нив, и ви реков; вие ќе ја наследите земјата нивна и вам ќе ви ја дадам во владение земјата, каде што тече мед и млеко. Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве оддели од сите народи. Правете разлика меѓу чист и нечист добиток, и меѓу чиста и нечиста птица, и не ги осквернувајте душите свои со добиток и со птица и со она што лази по земјата, она што ви го одвоив како нечисто. Ќе ми бидете свети, затоа што сум Јас, Господ вашиот Бог, свет, Кој ве одделив од сите народи за да бидете Мои. Маж или жена, ако извикува духови на мртви, да бидат убиени; со камења да ги убиете, виновни се.« И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на свештениците, синовите Аронови, и рече им да не се допираат до мртовец од народот свој. Само до близок роднина свој, до мајка, до татко, до син и до ќерка, до брат, до сестра, која е мома што живее кај него, а немажена, може да се допира, и со тоа да не се осквернува; инаку, не смее да се оскверни со допир до кого и да било од народот свој, за да не стане нечист. Не смеат да ја бричат главата своја, ниту да го расипуваат обликот на брадата своја, ни да прават зарези по телото свое. Тие треба да бидат свети пред својот Бог и да не го осквернуваат името на својот Бог, бидејќи тие сами Му принесуваат дарови на својот Бог, и ќе бидат свети. Тие не смеат да земаат жени блудници и порочни, не смеат да се женат ни со жена, отерана од својот маж, затоа што се тие свети пред Господа, својот Бог. И свет нека ти биде, бидејќи тој Му принесува дар на Господа, вашиот Бог; тој треба да ти биде свет, затоа што сум свет Јас, Господ Бог ваш, Кој ги осветува. Ако свештеничка ќерка се оскверни со блудство, таа го осквернила таткото свој: со оган да биде изгорена. А големиот свештеник меѓу браќата свои, врз чија глава е излеан елеј за помазание, и е совршен за да се облекува во одежди, да не ја открива главата своја и облеката своја да не ја кине; и до никаков мртовец да не приоѓа; да не се осквернува со допир ни до умрениот татко свој и ни до мајката своја. Чад од светилиштето да не излегува за да не го оскверни осветеното од својот Бог, зашто светиот елеј на Божјото помазание е врз него. Јас сум Господ. За жена тој треба да зема девица од родот свој; не смее да зема вдовица или оставена или осквернета или блудница, туку само девица од родот свој тој треба да зема за жена. И да не го осквернува своето потомство во народот свој: затоа што сум Јас Господ Бог, Кој го осветува.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи му на Арона: никој од твоето семе во сите родови, кој има телесен недостаток, да не пристапува да Му принесува дар на својот Бог. Никој, кој има телесен недостаток, да не пристапува; ни слеп човек, ниту хром, ниту, пак, со крив нос, или со рецкано уво, ниту таков кому му е раката скршена или ногата скршена, ниту грбав, ниту гурелав, ниту со перде на очите, а ни крастав или со лишај, ниту килав. Никој човек од родот на свештеникот Арон, кој е со телесен недостаток, не смее да пристапува за да Му принесува жртва на твојот Бог; бидејќи има недостаток, нека не пристапува да принесува дарови Божји, но од даровите на својот Бог, од осветените жртви, тој може да јаде; само до завесата да не се доближува и до жртвеникот да не пристапува, затоа што има недостаток: да не го оскверни светилиштето на својот Бог, оти Јас сум Господ, Кој ги осветува.« И Мојсеј им го соопшти тоа на Арона и на синовите негови и на сите синови Израилеви. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи му на Арона и на синовите негови да постапуваат внимателно со светите приноси од синовите Израилеви и да не го осквернуваат Моето свето име во тоа, што Ми го посветуваат. Јас сум Господ. Кажи им: ако некој во целото ваше потомство во вашите родови има на себе некаква нечистотија и пристапи кон светите дарови, што синовите Израилеви Му ги посветуваат на Господа, да се истреби таа душа од пред Мене. Јас сум Господ, вашиот Бог. Оној човек од семето Ароново, кои е лепрозен, или има излив на семе, да не јаде од светите дарови сѐ додека не се исчисти, и кој се допре до нешто нечисто од мртовец, или кому му се случи излив на семе при спиење, или кој ќе се допре до некој гад, па се оскверни, или до човек од кого се оскверни од каква и да било нечистотија, тој што се допрел до тоа да биде нечист до вечерта и да не јаде од светите приноси, пред да го измие целото свое тело со вода; но, штом зајде сонцето, да биде чист, тогаш да јаде од осветените дарови, бидејќи тоа е негова храна. Мрша или ѕверојадина тој да не јаде, за да не оскверни од нив. Јас сум Господ. Нека ги пазат заповедите Мои, за да не навлечат поради нив грев врз себе и да не умрат поради нив, ако се осквернат. Јас сум Господ Бог, Кој ги осветува. Никој од друг род да не јаде од светите приноси: кој се населил кај свештеник, ни наемникот негов, не смее да јаде од светите приноси. Ако свештеникот си купи човек со пари, тој нека јаде од лебовите негови; исто така и домашните негови можат да јадат од неговите лебови. Ако свештеничка ќерка се омажи за човек од друго племе, таа не смее да јаде од првините на светото, а ако таа остане вдовица или биде разведена, а нема деца, и се врати во татковата куќа, како што била на млади години, тогаш таа може да јаде од лебовите на татка си; но никој друг род не смее да јаде од нив. Кој поради незнаење јаде нешто од осветените приноси, тој дел треба да му го врати толку на свештеникот и да додаде кон него уште една петина од тоа. И да не ги осквернуваат светињите на синовите Израилеви, принесувани на Господа; и да не навлекуваат врз себе беззаконие поради престап, со тоа што ќе јадат од нивните дарови, зашто Јас сум Господ, Кој ги осветува.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на Арона и на синовите негови и на сите синови Израилеви кажи им: ако некој од синовите Израилеви, или од придојдените меѓу народот Израилев, било поради исповедание или од благодарност принесува жртви какви што Му се принесуваат на Господа, за сепаленица, за да му се прими жртвата милостиво, треба да биде од машки пол од стадата волови или овци, или кози, без недостаток; а си што има недостаток, да не Му се принесува на Господа, бидејќи тоа ќе Му биде непријатно. И ако некој Му принесува на Господа жртва за спасение, исполнувајќи завет или по своја волја, или на вашите празници, тогаш тоа треба да биде од стадата на говедата или овците и да биде без недостаток, за да му биде примена – и да нема никаков недостаток. Животно слепо или сакато, или со пресечен јазик, или шугаво, или краставо, или со лишај – такви не принесувајте Му на Господа и од нив не давајте на Господа жртва на жртвеникот. Теле или овца со долги уши или кратки нозе можеш да принесеш како жртва по своја волја: но ако е за завет, нема да се прими. Животно со дробови слаби и болни, резано или тргано, не принесувај Му на Господа; во земјата ваша не правете го тоа. И од рацете на туѓинец на принесувате Му на Господа никакви дарови на вашиот Бог, затоа што тие се повреда, имаа недостаток: тие нема да ви се примат.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кога ќе се роди теле, или јагне, или козле, да остане кај мајка си седум дена, а од осмиот ден и натаму ќе може да се принесува како дар на Господа, – но не колете ни теле, ниту јагне во ист ден заедно со мајката негова. Ако Му принесувате на Господа жртва по завет, со радост принесувајте ја. Таа да се изеде истиот ден, не оставајте од месото за другиот ден. Јас сум Господ. Пазете ги заповедите Мои и извршувајте ги. Јас сум Господ. Не осквернувајте го Моето свето име, за да бидам свет меѓу синовите Израилеви. Јас сум Господ, Кој ве осветува, Кој ве изведов од Египетската земја, за да бидам ваш Бог. Јас сум Господ.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви и објасни им за празниците Господови, кои треба да се нарекуваат свети. Ова се празниците Мои: во шесте денови да работите, а седмиот ден е сабота – ден за одмор, свет на Господа; никаква работа да не вршите, тоа е сабота Господова во сите ваши домови. А ова се празниците Господови, наречени свети, а што треба да ги свикувате во нивните определени времиња: во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот меѓу двете вечери е Пасха Господова, а на петнаесеттиот ден од истиот месец е празникот на Господа Бесквасници; седум дена јадете бесквасен леб; и првиот ден да ви биде свет, не вршете никаква работа; а во седумте дена принесувајте Му на Господа сепаленици, и седмиот ден да ви биде свет; не вршете никаква работа.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Јави им на синовите Израилеви и кажи им: кога ќе влезете во земјата, која ви ја давам, и почнете таму да жнеете жетва, првиот сноп од жетвата ваша донесете го кај свештеникот; тој ќе го вознесе тој сноп пред Господа, за да ви биде примен; на вториот ден од празникот свештеникот ќе го вознесе; а во оној ден кога го принесувате снопот, принесете Му на Господа и жртва сепаленица – едногодишно јагне без недостаток, а заедно со него и жртви драговолни – две десетини ефа пченично брашно, прелиено со елеј, жртва – дар на Господа со благопријатен мирис и со прелив за него од една четвртина ин вино; никаков нов леб ниту печени класје не јадете до денот, во кој ќе принесувате дар ваш на вашиот Бог: тоа нека ви биде вечна наредба во родовите ваши по сите ваши населби. Избројте од првиот ден по празникот, од денот во кој го принесувате снопот како вознесување – седум полни седмици, дури до првиот ден од последната седмица избројте педесет дена, и тогаш принесете Му на Господа нова жртва. Од своите домови принесете Му на Господа леб на дар – два леба за вознесување, кои треба да бидат месени од две десетини ефа пченично брашно со квас, да се испечени од првите плодови за Господа. Заедно со лебовите принесете и седум јагниња без недостаток, едногодишни и од крупниот добиток едно теле и два овна без недостаток; тоа нека ви биде жртва сепаленица за Господа како лебен принос со принос за прелив, за благопријатен мирис пред Господа. Принесете исто така од стадата на козите еден козел – жртва за грев, и две едногодишни јагниња – жртва за спасение со лебовите од првите жита. И свештеникот нека го принесе тоа со лебовите од првите жита пред Господа, заедно со двете јагниња: тоа ќе биде свет принос за Господа, за свешеникот што ги принесува. И тој ден наречете го свет, нека ви биде особено свет, никаква работа не вршете во него – тоа нека ви биде вечна заповед за родовите ваши по сите населби. И кога жнеете жетва на вашата нива, не ја дожневајте нивата своја до крај, и она што ќе падне од твојата жетва не собирај го: остави го за сиромавиот и придојдениот. Јас сум Господ, вашиот Бог.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви, велејќи – во седмиот месец, во првиот ден од месецот, имајте спокој, Празник на трубите; тој ден нека ви биде свет. Никаква работа не вршете во него, а принесувајте Му на Господа жртви сепаленици.« И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »И десеттиот ден од седмиот месец, денот на очистувањето, нека ви биде свет: смирете ги душите ваши и принесувајте Му сепаленица на Господа. Никаква работа не вршете во тој ден, зашто тоа е ден за очистување ваше, за да се очистите пред лицето на Господа, вашиот Бог. А секоја душа, што не ќе го почитува тој ден, ќе биде истребена од народот свој. И секоја душа што ќе врши каква и да било работа во тој ден, таа душа ќе загине од својот народ. Никаква работа не вршете: тоа ви е вечна наредба и за родовите ваши по сите ваши живеалишта. Тоа е за вас сабота над саботите, па затоа смирете ги душите ваши, оти од вечерта на деветтиот ден од месецот дури до вечерта на десеттиот ден од месецот празнувајте ја вашата сабота.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви, велејќи: во петнаесеттиот ден од истиот месец, седмиот месец, е празникот Сеници, Господов празник што трае седум дена. И денот прв ќе ви биде наречен свет, никаква работа не вршете; седум дена принесувајте Му на Господа сепаленици; а и осмиот ден нека ви биде свет, и тогаш принесувајте Му на Господа сепаленици; – тоа е крајот на празникот, и никаква работа не вршете. Тоа се Господовите празници, што ќе ви бидат наречени особено свети, кога ќе Му принесувате на Господа сепаленици и приноси со нив како и преливи врз нив од ден во ден, освен во саботите Господови, освен даровите ваши, заветите ваши, што ќе Му ги давате од благодарност на Господа. А на петнаесеттиот ден од седмиот месец, кога ја завршувате жетвата на житата ваши, празнувајте празник Господов седум дена: првиот ден нека ви биде починка, а во осмиот ден нека ви е одмор. Во првиот ден земете плодови од убави дрвја, и гранки од палми, и гранки од широколисни дрвја како и од врби, речни растенија, и развеселете се пред Господа, вашиот Бог – седум дена во годината. Ова е вечна наредба за вас и за родовите ваши; во седмиот месец празнувајте го празникот Сеници. Седум дена престојувајте во сеници: секој тукашен во Израилот треба да престои во сеница, за да знаат поколенијата ваши, дека Јас во сеници ги вселив синовите Израилеви, кога ги изведов од Египетската земја. Јас сум Господ, вашиот Бог.« И Мојсеј им говореше на синовите Израилеви за празниците Господови. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Заповедај им на синовите Израилеви да земат чист маслинов елеј, исцеден за осветување, та светлото да гори секогаш зад завесата во скинијата на сведоштвото, а ќе го палат Арон и синовите постојано пред Господа од вечерта дури до утрината; и тоа нека ви биде вечна наредба во родовите ваши. На чистиот свеќник палете ги светилата постојано пред Господа дури до утредента; и земете пченично брашно и измесете од него дванаесет лебови – секој леб да тежи по две десетини ефа; поставете ги во два реда, по шест во ред, на чистата трпеза пред Господа. И во секој ред ставете и ливан, како и сол; и тоа нека биде крај лебовите како спомен на приносот за Господа. Секој саботен ден постојано да се предлагаат лебови пред Господа од синовите Израилеви: тоа е вечен завет. Тие да му припаѓаат на Арона и на синовите негови за да ги јадат на свето место; тоа е голема светиња, дел од жртвите за Господа, овековечена со закон.« Тогаш излезе синот на една жена Израилка, што го беше родила со Египтјанин, меѓу синовите Израилеви и се скара со еден Израилец во населбата; и синот на Израилката похули на Господовото име. И го доведоа кај Мојсеја; името на мајката негова беше Саломит, Давринова ќерка од племето Даново; па го ставија в затвор додека не се донесе за него пресуда според заповедта Господова. И му рече Господа на Мојсеја велејќи: »Изведи го оној што хулеше надвор од живеалиштето, а и сите што чуја, нека ги стават рацете свои врз главата негова и целиот народ нека го убие со камења, и кажи им на синовите Израилеви: секој што ќе похули на својот Бог, ќе го прими својот грев; и оној што ќе го навреди името Господово, треба да умре, со камења да го убие сиот народ; било да е тој придојден или тукашен, ако похули на името Господово, да умре. Кој ќе убие човек, да биде умртвен. Кој ќе удри добиток и тој умре, да го плати – добиток за добиток. На оној, што ќе му нанесе повреда на ближен, да му се направи и нему она што го направил тој; прелом за прелом, око за око, заб за заб; како што му нанел повреда на човек, така и нему да му се направи. И кој удри човек и умре, да биде умртвен. Една правда да има како за придојден така и за тукашен, затоа што Јас сум Господ, вашиот Бог.« Тогаш Мојсеј им кажа си на синовите Израилеви; и го изведоа оној што беше похулил надвор од населбата и сиот народ го уби со камења; синовите Израилеви направија така, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. И му рече уште Господ на Мојсеја, на планината Синај, велејќи: »Јави им на синовите Израилеви и кажи им: кога ќе дојдете во земјата, што ви ја давам Јас, земјата што ви ја давам нека ја празнува саботата Господова; шест години засејувај ја нивата своја и шест години режи го лозјето свое и прибирај ги плодовите нивни, а во седмата година е сабота за земјата – нека има одмор земјата; тоа е сабота Господова: не ја сеј нивата своја и не го режи лозјето свое. Она што само ќе израсне на нивата твоја, не го жнеј, и грозјето од нережаните лози твои не собирај го: нека биде тоа година за починка на земјата. И за време починката на земјата тоа нека биде храна за сите вас – за тебе и за твојот роб, за робинката твоја, за наемникот твој и за придојдениот, населен кај тебе; а добитокот твој и за ѕверовите што се на земјата твоја, тие плодови нека им бидат храна. И изброј седум саботни години, седумпати по седум, за да ти излезат во седумте седмици четириесет и девет години; и објавете го со трубен глас по целата земја ваша седмиот месец, во десеттиот ден од месецот; во денот на очистувањето затрубете со труба по целата земја ваша; и осветете ја педесеттата година и објавете слобода по земјата за сите жители; тоа да ви биде година на проштавање; и секој да се врати во својот имот, и секој да се врати при родот свој. Педесеттата година да ви биде година на проштавање; во таа година не сејте и не жнејте го она што ќе израсне само од земјата, и да не го собирате она што Му е свето на Господа, зашто тоа е знак за опростување: свето да ви е тоа – од нивите јадете ги плодовите нивни. Во таа проштална година секој нека се врати на имотот свој. Ако си му продал нешто на ближниот свој, или ако си купил нешто од ближниот свој, не оскрбувај го ближниот свој; ти треба да купуваш од ближниот свој според бројот на годините по прошталната, и според, бројот на годините на приходот тој треба да ти продава; ако остануваат многу години, зголеми ја цената; ако оставаш за малку години, намали ја цената; според бројот на годините определи ја цената. Не оскрбувај го ближниот свој; бој се од твојот Господ Бог, зашто Јас сум Господ, вашиот Бог. Извршувајте ги заповедите Мои, пазете и исполнувајте ги законите Мои, и спокојно ќе живеете на земјата; и земјата ќе ги дава своите плодови, и ќе јадете до наситка и спокојно ќе живеете на неа. Ако кажете: што ќе јадеме во седмата година, кога не сме посеале ништо, не сме собрале производи наши, Јас ќе испратам благослов Мој во шестата година, и таа ќе даде плод за три години; а во осмата година ќе сеете, па ќе јадете од старите производи до деветтата година; и додека не узреат плодовите нејзини, ќе јадете од старото. Земјата не смее да се продава засекогаш, зашто земјата е Моја; вие сте при Мене придојдени и преселеници; по целата земја на вашите имоти дозволувајте земјата да се откупува. Ако брат ти, кој е кај тебе, осиромаши и го продаде својот имот, тогаш да дојде неговиот најблизок роднина и нека го откупи продаденото од братот негов. Но, ако нема свој, кој да го откупи, тој самиот ќе успее и ќе најде колку што треба за откуп; тогаш да ги пресмета годините од продажбата своја и да го врати другото на оној кому му го продал, и повторно да влезе во владението свое. Ако, пак, не најде колку што треба, за да врати, продаденото нека остане во рацете на купувачот си до шестата проштална година, а во светата година да стане слободно и повторно да влезе во имотот свој. Ако некој продаде куќа за живеење во град ограден, таа може да се откупи сѐ додека не измине годината на продажбата нејзина – во текот на годината таа може да се откупи. Ако, пак, не се откупи додека не измине годината од продажбата нејзина, куќата што е во градот, со тврда ограда, засекогаш ќе остане во рацете на купувачот и родот негов, и нема да му се врати во прошталната година. А куќите по селата, што не се оградени наоколу, треба да се сметаа за ниви; тие секогаш ќе можат да се откупуваат, но во прошталната година ќе се вратат. А што се однесува до градовите на левитите, куќите во градовите на владението нивно, секогаш можат да ги откупуваат левитите; ако некој од левитите нема средства да откупи, тогаш продадената куќа во градот на нивниот имот ќе биде вратена во времето на прошталната година, зашто куќите во градовите на левитите се нивно владение меѓу синовите Израилеви. А селата околу нивните градови не смеат да се продаваат, зашто тие се нивно вечно владение. Ако братот твој осиромаши и изнемогне при тебе, поткрепи го исто така како да е твој придојден или преселеник, та да живее кај тебе. Не земај му ни лихва ни печалба, и бој се од твојот Бог; Јас сум Господ; братот твој нека живее при тебе. Не давај му сребро свое со интерес, а и храната твоја не давај му ја со печалба. Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве изведе од Египетската земја за да ви ја дадам земјата Хананска и да бидам ваш Бог. Кога ќе осиромаши кај тебе братот твој, и ти се продаде, не товари го со ропска работа; тој треба да ти биде како наемник, како преселник, нека ти работи до прошталната година, а тогаш нека си отиде од кај тебе, тој самиот и децата негови со него во прошталната година, и нека се врати меѓу родот свој и пак да влезе во имотот на татковците свои, бидејќи тие се Мои слуги, кои Јас ги изведов од Египетската земја: тие не смеат да се продаваат како што се продаваат робовите. Не товарај го со многу работа и бој се од твојот Господ Бог. Ако сакаш да имаш свој роб и своја робинка, купувајте си роб и робинка од народите што се околу вас; од нив да си земате робови и робинки. Исто така и од децата на преселниците, населени меѓу вас, можете да купувате; и од нивните роднини во земјата ваша ако ги има, и тие да ви бидат сопственост. Можете да ги предавате во наследство и на синовите ваши по вас како вечен имот; а браќата ваши, синовите Израилеви, не обременувајте ги со многу работа. Ако твојот придојден или твојот преселник се збогати, а братот твој пред него осиромаши и му се продаде на придојдениот, населен при тебе, или на некој друг од родот на придојдените, тогаш по продажбата тој може да биде откупен; некој од браќата негови треба да го откупи, или братот на неговиот татко, или синот на стрикото негов треба да го откупи, или кој и да било од родот негов во племето, да го откупи, или самиот тој, ако се снајде да се откупи. И да се пресмета со купувачот свој, сметајќи од годините, кога се продал, па си до прошталната година, и да го врати среброто за кое се продал според бројот на годините, при што да се пресмета и тоа дека кај него бил и како наемник – според бројот на годините, и ако остануваат уште многу години, тогаш сразмерно на нив да го врати својот откуп во сребро, за кој бил купен; ако, пак, остануваат уште малку години до прошталната година, да пресмета и сразмерно на годините на служењето да плати за својот откуп. Во текот на сите години тој да биде кај него како наемник, но тој не треба да биде преоптоваруван со работа пред твоите очи. Ако, пак, не се откупи на тој начин, тогаш во прошталната година да излезе самиот тој и децата негови со него, затоа што синовите Израилеви се Мои слуги; тие се Мои деца, што ги изведов од Египетската земја. Јас сум Господ, вашиот Бог.« »Не правете ракотворни образи, ни делкани; и не издигајте столб и не поставувајте во земјата камења со знаци, за да им се клањате, зашто Јас сум Господ, вашиот Бог. Пазете ги Моите саботи и бојте се од Моите светињи, Јас сум Господ. Ако постапувате според Моите повелби и ги запазувате Моите наредби, и ги исполнувате, ќе ви дадам дожд во свое време, и земјата ќе го даде родот свој, и дрвјата полски ќе го дадат својот плод, и вршидбата ќе трае кај вас до гроздоберот, гроздоберот ќе трае до сеидбата, и ќе го јадете својот леб до наситка и ќе се настаните на земјата ваша со сигурност, и војна нема да мине по целата ваша земја. Ќе ѝ дадам мир на земјата ваша, ќе спиете и никој нема да ве обеспокојува, ќе ги истребам лутите ѕверови од земјата ваша; војна нема да мине преку вашата земја. Па ќе ги гоните непријателите ваши, и тие од меч ќе паднат убиени пред вас; петмина од вас ќе прогонуваат сто души, и стотина од вас ќе прогонуваат илјадници, и непријателите ваши ќе паднат од меч пред вас. Ќе погледам на вас и ќе ве благословам, ќе ве расплодам плодни, ќе ве умножам и ќе го поставам заветот Мој со вас. И ќе јадете од старото и од постарото и старото ќе го исфрлите поради новото. Ќе ја поставам скинијата Моја меѓу вас, и душата Моја нема да се гнаси и одвраќа од вас. Ќе се движам меѓу вас и ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ. Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве изведе од Египетската земја, каде што бевте таму робови, и ги скршив врските на јаремот ваш и ве изведов охрабрени. Ако, пак, не Ме слушате и не ги исполнувате овие Мои повелби, и не им се покорувате, и ако душата ваша вознегодува од Моите закони, и со тоа што нема да ги испонувате сите Мои заповеди, за да го нарушите заветот Мој, – тогаш и Јас ќе постапам со вас вака – ќе ви пратам скудност, красти и жолтица, од кои ќе ослабат очите ваши и ќе се измачува душата ваша, па ќе сеете семе залудо, зашто непријателите ваши ќе го јадат. Ќе го свртам лицето Мое против вас и ќе паднете пред непријателите ваши; над вас ќе владеат непријателите ваши, и ќе бегате дури и кога никој не ве гони. Ако и покрај сето ова не Ме послушате, седумпати ќе ја зголемам казната за гревовите ваши; ќе ја скршам вашата тврдоглавост, ќе го направам небото ваше како железо, и земјата ваша како бакар; па залудо ќе се истоштува силата ваша, и земјата ваша нема да го дава својот плод, и дрвјата на земјата ваша нема да раѓаат плодови свои. Ако, пак, и потоа тргнете настрана и не ќе сакате да Ме слушате, ќе ви нанесам седумкратни удари поради гревовите ваши; ќе испратам против вас лути земни ѕверови, кои ќе ве изедат, ќе го уништат добитокот ваш и ќе ве намалат, така што ќе се запустат патиштата ваши. Ако и потоа не се поправите и тргнете против Мене, тогаш и Јас ќе тргнам против вас со јарост и ќе ве поразам седумкратно за гревовите ваши. И ќе испратам против вас одмаздувачки меч за одмазда поради заветот; ако, пак, избегате по градовите ваши, ќе испратам на вас помор и ќе бидете предадени во рацете на непријателот. Ќе оскудевате за леб; десет жени ќе го печат лебот ваш во една печка и ќе ви даваат леб со мерка; ќе јадете и нема да се наситите. Ако и покрај сево ова не Ме послушате и тргнете против Мене, и Јас ќе тргнам против вас со гнев и седумкратно ќе ве казнам според гревовите ваши, и ќе ги јадете телата на синовите свои, и телата на ќерките ваши ќе ги јадете. Ќе ги разрушам жртвениците ваши, ќе ги разрушам ракотворните столбови ваши и ќе ги фрлам труповите ваши врз урнатините од идолите ваши, и душата Моја ќе се одврати од вас. Градовите ваши ќе ги претворам во пустињи и ќе ги опустошам светињите ваши, и нема да примам благопријатен мирис од жртвите ваши. Ќе ја запустам земјата ваша, така што ќе се чудат над неа непријателите ваши, што ќе живеат во неа; вас, пак, ќе ве растурам меѓу народите и ќе ве истреби мечот што ќе дојде; земјата ваша ќе биде пуста, и градовите ваши – разрушени. Тогаш земјата ќе се вознагради за своите саботи преку сите денови, додека биде пуста; а вие ќе бидете во земјата на непријателите ваши; земјата ќе си почива и ќе се вознагради за своите саботи; таа ќе почива за сето време додека ќе биде пуста, што не почиваше за сите саботи ваши кога живеевте во неа. А на оние од вас што ќе останат, ќе им всадам страв во срцата во земјата на непријателите нивни, па и шумот од развеан лист ќе ги прогонува; ќе бегаат како од меч, и ќе паѓаат кога и никој не ги гони. И брат брата ќе презира и кога никој нема да ве напаѓа; не ќе имате сила да им се противставувате на непријателите ваши; ќе загинете меѓу народите, и ќе ве проголта земјата на непријателите ваши; а другите од вас ќе истлеат поради беззаконијата свои во земјите на непријателите ваши и поради беззаконијата на татковиците ваши ќе исчезнат. Тогаш ќе ги исповедаат беззаконијата свои и беззаконијата на татковците свои, заради тоа што Ме презреа, престапија и станаа против Мене; поради кое и Јас ќе станам со јарост против нив и ќе ги погубам во земјата на непријателите нивни; тогаш ќе се засрами нивното необрезано срце, и тогаш ќе се сетат за гревовите свои. И Јас ќе си спомнам за заветот Мој со Јакова, и на заветот Мој со Исака, и на заветот Мој се Авраама, и на земјата ќе се сетам и земјата ќе биде напуштена од нив и земјата ќе се вознагради за своите саботи, откако ќе биде испразнета од нив, и тие ќе ја добијат својата казна за беззаконијата свои, затоа што ги презреа законите Мои и душата нивна вознегодува поради наредбите Мои. Но кога тие ќе бидат во земјата на непријателите свои, – Јас нема да ги презрам, и нема да се налутам на нив толку, за да ги истребам и да го раскинам Мојот завет со нив, зашто Јас сум Господ, Бог нивни. Ќе се сетам на заветот прв, кога ги изведов од Египетската земја од домот на ропството пред очите на народите, за да им бидам Бог. Јас сум Господ.« Тоа се наредбите, заповедите и законот кои Господ им ги даде на синовите Израилеви преку Мојсеја на планината Синај. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви и речи им – ако некој се заветува да ја посвети душата своја на Господа со цена, цената за маж од дваесет до шеесет години да биде шеесет сребрени дидрахми, според свештената мерка. Ако е, пак, за жена, цената да биде триесет дидрахми. За машко од пет до дваесет години цената ќе биде дваесет дидрахми, а за женски десет дидрахми. За машко, пак, од еден месец до пет години цената треба да изнесува пет сребрени дидрахми, а за женско три сребрени дидрахми. За маж од шеесет години и нагоре цената ќе биде петнаесет среберни дидрахми, додека за жена десет дидрахми. Ако е сиромав и нема да плати според цената своја, тогаш тој нека се претстави пред свештеникот, и свештеникот нека го процени: според состојбата на оној, што се заветувал, така нека го процени свештеникот. Ако е, пак, добиче од оние што Му се принесуваат како жртва на Господа, ако Му се даде од овие на Господа, ќе биде свето; да не се заменува доброто со лошо, или лошото со добро; ако некој замени добиче со добиче тогаш и добичето и неговата замена ќе бидат светиња. Ако е тоа нечист добиток, што не се принесува како жртва на Господа, тој нека му биде претставен на свештеникот, и свештеникот да процени, дали е тој добар, или лош; како ќе го оцени свештеникот, така и нека биде; ако некој сака да го откупи, нека додаде кон цената уште една петина. Ако некој Му ја посветува на Господа куќата своја за светиња, свештеникот да ја процени, дали е таа добра, или лоша; како што ќе ја оцени свештеникот, така и да биде. Ако оној што ја посветил, побара да ја откупи куќата своја, нека приложи уште една петина во сребро кон цената нејзина, и тогаш таа нека биде негова. Ако некој Му посвети на Господа од имотот свој нива, процената треба да биде сразмерно со посеаното: за еден гомер јачмен – педесет сребрени дидрахми. Ако некој ја посветува нивата своја во прошталната година, тоа треба да биде според нејзината проценка. Ако некој ја посветува нивата своја по прошталната година, треба да биде според неа и процената. Ако ја посветува најдоцна до прошталната година, свештеникот нека ја определи цената во сребро според годините што остануваат до идната проштална година, и да одземе и за толку да ја намали цената. Ако оној, што ја посветил нивата своја, побара да ја откупи, нека додаде уште една петина во сребро кон цената нејзина, и таа нека биде негова. Ако, пак, тој не ја откупи нивата своја и нивата биде продадена на друг човек, тој веќе не може да ја откупи; таа нива, откако ќе биде ослободена во прошталната година, нека биде светиња Господова; таа нека биде земја одделена од сопственост и да биде за свештеникот. Ако некој Му посвети на Господа купена нива, која не е во селото на имотот негов, свештеникот нека ја определи цената нејзина до прошталната година, и тоа да ја даде, според она како што е пресметано, во истиот ден, како светиња Господова; а нивата во прошталната година пак нека мине на оној, од кого била купена и кој што владеел со таа земја. Секоја проценка да се врши според свештената мерка – дваесет пенези да чинат една дидрахма. А секое првородено што ќе се роди меѓу добитокот твој, никој не може да го заветува: било вол, било од овците – тие се Господови. Ако, пак, добитокот е нечист, да се откупува според цената негова и да се додаде кон неа уште една петина; ако не се откупи, тогаш нека се продаде според неговата процена. А си што човек Му ветува на Господа со клетва од она, што ги има – од човек до добиток или нива од имотот свој, да не се продава ниту да се откупува: секој завет со клетва е најсвета светиња Господова. И си што е ветено од луѓето со клетва, не се откупува: тоа треба да се предаде на смрт. И секоја десетина од земјата, од земните семиња и од плодовите на дрвјата Му припаѓаат на Господа: тоа се светиња Господова; ако некој ја откупи десетината своја, да додаде кон цената нејзина уште една петина. И секој десеток од воловите, од овците и од си десето што ќе падне под жезал, треба да Му падне на Господа; и да не се заменува добро за лошо, ниту лошо за добро; ако некој го замени, тогаш тоа самото и неговата замена да бидат светиња – да не се откупува.« Тоа се заповедите, кои Господ им ги даде на синовите Израилеви преку Мојсеј на планината Синај. И му рече Господ на Мојсеја во Синајската пустиња, во скинијата на сведоштвото, во првиот ден од вториот месец, на втората година, откако беа излегле од Египетската земја, велејќи: »Пребројте ја целата заедница на Израилеви синови според родовите нивни, според челадта нивна, според бројот на имињата нивни, сите од машки пол до еден; од дваесет години нагоре, сите способни кај Изаилот за војна; според доброволечките чети пребројте ги ти и Арон; заедно со вас треба да има од секое племе по еден претставник, кој е старешина на родот свој. И еве ги имињата на мажите, што ќе бидат со вас: од Рувима – Елисур, синот Седиуров; од Симеона – Саламиил, синот Сурисадаев; од Јуда – Наасон, синот Аминадавов; од Исахара – Натанаил, синот Согаров; од Завулона – Елиав, синот Хелонов; од синовите на Јосифа: од Ефрема – Елисам, синот Емиудов; од Манасија – Гамалиил, синот Фадасуров; од Венијамина – Авидан, синот Гадеониев; од Дана – Ахиезер, синот Амисадаев; од Асира – Фагаил, синот Ехранов; од Гада – Елисаф, синот Рагуилов; од Нефралима – Ахиреј, синот Енанов. Тие се избраните кнезови од народот на татковските племиња, началници на Израилевите илјадници.« Тогаш Мојсеј и Арон ги зедоа тие именувани мажи и го собраа сиот народ на првиот ден од месецот од втората година; и тие ги објавија своите родословија, според родовите свои, според домовите свои, според бројот на имињата, од дваесет години и нагоре, сите до еден од машки пол, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. И тој го изврши пребројувањето нивно во Синајската пустиња. Од синовите на Рувима, првородениот син на Израила, според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата, сите до еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна. Се изброија од племето Рувимово четириесет и шест илјади и петстотини. Од синовите Семеонови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата, сите до еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, се изброија од племето Симеонови песедет и девет илјади и триста. Од синовите Јудини според родовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, изброија од племето Јудино седумдесет и четири илјади и шестотини. Од синовите Исахарови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, се изброија од племето Исахарово педесет и четири илјади и четиристотини. Од синовите Завулонови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, се изброија од племето Завулоново педесет и седум илјади и четиристотини. Од синовите на Јосифа, синовите Ефремови, според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, се изброија од племето Ефремово четириесет илјади и петстотини. Од синовите Манасиеви според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, се изброија од племето Манасиево триесет и две илјади и двесте. Од синовите Венијаминови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, се изброија од племето Венијаминово триесет и пет илјади и четиристотини. Од синовите Гадови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, избројувањето од племето Гадово изнесува четириесет и пет илјади и шестотини и педесет. Од синовите Данови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, се изброија од племето Даново, шеесет и две илјади и седумстотини. Од синовите Асирови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, се изброија од племето Асирово четириесет и една илјада и петстотини. Од синовите Нефталимови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите сопсобни за војна, се изброија од племето Нефталимово педесет и три илјади и четиристотини; тоа се оние, што влегоа во пребројувањето и што ги преброи Мојсеј и Арон и началниците Израилеви – дванаесетмина луѓе, по еден човек од секое племе – според племињата народни. Сите, влезени во пребројувањето, синовите Израилеви, од дваесет години и нагоре, сите од Израилот способни за војна, изброени беа шестотини и три илјади и петстотини и педесет. А левитите меѓу нив не беа броени според татковите им племиња. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Само Левиевото колено не вбројувајте го и тие бројки не мешај ги со синовите на Израилот; но на левитите довери им ја скинијата на сведоштвото, сите нејзини принадлежности и си што е во неа: тие нека ја носат скинијата и сите нејзини принадлежности и да служат во неа, и околу скинијата да бидат распоредени; а кога ќе треба да се пренесува скинијата, левитите да ја креваат, и кога ќе треба да се застане, левитите да ја симнат; ако, пак, до неа пристапи некој од друго племе, да биде убиен. Синовите Израилеви треба да бидат распоредени секој според својот чин, и секој според своето старешинство, способен да војува. А левитите да се сместат од спротивната страна, околу скинијата на сведоштвото, за да не падне гнев врз општеството на синовите Израилеви; левитите сами да стојат на стража при скинијата на сведоштвото.« И направија синовите Израилеви сѐ онака како што му заповеда Господ на Мојсеја; така направија. И им рече Господа на Мојсеја и Арона, велејќи: »Синовите Израилеви треба да се распоредат секој според својот чин, според знамето на домот свој, наоколу треба да се настанат синовите Израилеви пред Господа, околу скинијата на сведоштвото. Најнапред, на исток, ќе се настани полкот Јудин со војниците свои, и началникот на Јудините синови Наасон, синот Аминадавов. Силата на неговата војска изнесува седумдесет и четири илјади и шестотини војници. По него да се распореди племето Исахарово, и началникот на Исахаровите синови Натанаил, синот Согаров, чија сила е изброена на педесет и четири илјади и четиристотини војници. Близу потаму да се смести племето Завулоново, и началникот на синовите Завулонови Елиав, синот Хелонов; бројот на неговите доброволци изнесува педесет и седум илјади и четиристотини. Сите изброени во Јудиновиот логор се сто и осумдесет и шест илјади и четиристотини; тие први да тргнат. Кон југ да биде распореден Рувимовиот полк со војската и началникот на синовите Рувимови Елисур, синот Седиуров; бројот на неговите војници, влезени во пребројувањето негово, е четириесет и шест илјади и петстотини. До него да се настани племето Симеоново, и началникот на синовите Симеонови Саламиил, синот Сурисадаев; а неговите војници изброени беа педесет и девет илјади и триста. Потоа да се насели племето Гадово, и началникот на синовите Гадови Елисаф, синот Рагуилов; неговите доброволци беа на број четириесет и пет илјади и шестотини и педесет. Сета сила влезена во пребројувањето на Рувимовиот полк изнесува сто и педесет и една илјада и четиристотини и педесет; тие втори да појдат. Кога ќе се крене скинијата на сведоштвото, населбата на левитите да биде во средината на другите населби. Како што се разместени, така и да одат, секој на своето место според чинот свој. Кон морето да биде населбата на Ефремовиот полк со војската негова, и началникот на синовите Ефремови, Елисам, синот Емиудов, а неговите војници изброени, се четириесет илјади и петстотини. До него да се смести племето Манасиево, и началникот на синовите Манасиеви Гамалиил, синот Фадасуров, со неговите доброволци, кои се триесет и две илјади и двесте. Потоа да се смести близу до племето Венијаминово, и началникот на синовите Венијаминови Авидан, синот Гадеониев, заедно со неговите војници, чиј број е триесет и пет илјади и четиристотини. Сите изброени војници од Ефремовата населба се сто и осум илјади и сто; тие трети да поаѓаат. Кон север да биде населбата на Дановата војка, и началникот на синовите Данови Ахиезер, синот Амисадаев, и неговите војници, чиј број изнесува шеесет и две илјади и седумстотини. А до него да се смести племето Асирово, и началникот на синовите Асирови Фагаил, синот Ехранов, заедно со неговите војници на број, четириесет и една илјада и петстотини. Потаму да се настани племето Нафталимово, и началникот на синовите Нафталимови Ахиреј, синот Енанов, и неговите педесет и три илјади и четиристотини доброволци.« Сите, влезени во пребројувањето на Дановиот полк, се сто и педесет и седум илјади и шестотини; тие последни да се креваат според чинот свој. Сите изброени синови Израилеви според домовите нивни се шестотини и три илјади и петстотини и педесет. А левитите не се вброени со синовите на Израилот, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. И направија синовите Израилеви сѐ што му беше заповедал Господ на Мојсеја; така се распоредија според чиновите свои, и така одеа секој според племето свое, според домовите свои. Ова е родословот Аронов и Мојсеев, во оној ден кога му говореше Господ на Мојсеја на планината Синај. Еве ги имињата на синовите Аронови: првенецот Надав, Авуид, Елеазар и Итамар. Тоа се имињата на Ароновите синови, помазани за свештеници, кои тој ги посвети за да свештенодејствуваат. Но Надав и Авиуд умреа пред Господа, кога донесоа туѓ оган пред Господа во Синајската пустиња, а немаа деца; Елеазар, пак, и Итамар останаа како свештеници кај татка си Арона. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Доведи го Левиевото племе и постави го при свештеникот Арона, за да му служат; и нека тие бидат на стража за него и на стража за целото општество Израилево при скинијата на сведоштвото, за да се извршуваат службите при скинијата; и да ги пазат сите сосуди во скинијата на сведоштвото и да бидат на стража за синовите Израилеви во врска со сите работи што се вршат околу скинијата. И дај му ги левитите на Арон, братот твој, и на синовите негови свештениците: нека Ми бидат тие дадени како дар од синовите Израилеви. А Арон и синовите негови постави ги над скинијата на сведоштвото, за да ја пазат свештеничката дожност и сѐ што е кај жртвеникот и зад завесата; а ако некој надворешен се доближи, да биде убиен.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Ете, Јас ги зедов левитите меѓу синовите Израилеви наместо сите првородени од Израилевите синови, што ја отвораат утробата, тие се откуп; левитите да бидат Мои, бидејќи сите првородени се Мои; во денот, кога ги поразив сите првородени во Египетската земја, Јас си осветив за Себе сите Израилеви провородени од човек до добиток: тие да бидат Мои. Јас сум Господ.« И му рече Господ на Мојсеја во Синајската пустиња, велејќи: »Преброј ги Левиевите синови според домовите нивни, според родовите нивни, преброј си од машки пол од еден месец, и нагоре!« И ги преброи Мојсеј и Арон според зборовите Господови, како што беше заповедано. Еве ги Левиевите синови според имињата нивни: Гирсон, Каат и Мерари. А ова се имињата на Гирсоновите синови според родовите нивни: Ловен и Семеј. И Катовите синови според родовите нивни: Амрам и Исар, Хеврон и Узиил. И Мерариевите синови според родовите нивни: Моли и Муси. Тоа се Левисвите родови според домовите нивни: Од Гирсона произлегува родот Ловенов, родот Семејов: тоа се Гирсоновците. Сите, изброени од машки пол, од еден месец и нагоре, беа седум илјади и петстотини. Родовите на Гирсоновци се беа сместиле зад скинијата, кон запад. Началник на поколението од Гиросовите синови беше Елисаф, син Даилов; на Гирсоновите синови при скинијата на сведоштвото им е доверено да ги пазат: скинијата и покривката нејзина, завесата над влезот во скинијата на сведоштвото, оградите од тремот, завесата од влезот во тремот, што е околу скинијата и жртвеникот, и сите други негови делови. Од Каат произлегува родот Амрамов и родот Исаров, и родот Хевронов и родот Узиилов: тоа се Катовците; Според пребројувањето сите од машки пол, од еден месец и нагоре, беа осум илјади и шестотини, кои го чуваа (пазеа) светилиштето. Родовите на Каатовци да се сместат на јужната страна од скинијата; а началникот на племето Каатовци беше Елисафан, синот Узиилов; тие го чуваа ковчегот, трпезата, светилникот, жртвениците, садовите на светилиштето, со кои се служи, и завесата со сите нејзини работи. Началник над началниците на левитите беше Елеазар, син на свештеникот Арон; поставен како стража да го чува светилиштето. Од Мерари произлегува родот на Моли и родот на Муси; тоа се родови Мерариови; сите преброени од машки пол, од еден месец и нагоре, беа на број шест илјади и двесте; началник на домот на Мерариевци беше Суриил, син Авихеов; тие да се распоредат на северната страна; на Мерариевите синови им беше доверено да ги пазат штиците на скинијата и јажињата нејзини, столбовите, подножјата нејзини, сите сосуди, и сите работи со целото нивно устројство, столбовите од тремот наоколу и подножјата нивни, колците нивни и јажињата нивни. А од предната страна на скинијата, на исток, сместени беа Мојсеј и Арон, и синовите негови, кои место синовите Израилеви, го пазеа светилиштето; ако, пак, некој туѓинец, се доближеше, биваше убиен. Сите изброени левити, што ги преброи Мојсеј и Арон по заповед на Господа, според родовите нивни, сите од машки пол, од еден месец нагоре, беа дваесет и две илјади. И му рече Господ на Мојсеја: »Преброј ги сите првородени синови Израилеви од машки пол, од еден месец и нагоре, и преброј ги поименично; и земи ги левитите за Мене, наместо сите првородени од синовите Израилеви, – Јас сум Господ, – а добитокот на левитите место сиот првороден добиток на синовите Израилеви.« И ги преброи Мојсеј, како што му заповеда Господ, сите првородени од синовите Израилеви; и сите првородени од машки пол, според бројот на имињата, од еден месец и нагоре, беа дваесет и две илјади и двесте и седумдесет и три. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Земи ги левитите место сите првородени од синовите Израилеви, и добитокот на левитите, место нивниот добиток; левитите нека бидат Мои. Јас сум Господ. А за откуп на десте и седумдесет и трите првородени Израилеви, со кои го надминуваа бројот на левитите, земи по пет сикли за човек, според свештената сикла земи, по даесет пенези од сикла, и дај му го тоа сребро на Арона и на синовите негови, за откуп на оние, што го надминуваат нивниот број.« И го зеде Мојсеј среброто од откупот за оние, што го надмунуваат бројот на заменетите со левитите. Од првородените Израилеви синови зеде сребро илјада и триста и шеесет и пет сикли, според свештената сикла; и среброто од откупот, за оние што го надминуваат бројот, Мојсеј му го даде на Арона и на синовите негови според зборовите на Господа, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Му рече Господ на Мојсеја и Арона, велејќи: »Пребројте ги Каатовите синови меѓу синовите Левиеви според родовите нивни, според домовите нивни, од дваесет и пет години нагоре до педесет години, за да бидат на служба, вршејќи ги сите работи во скинијата на сведоштвото. А ова е службата на Каатовите синови, левитите, според родовите нивни, според домовите нивни во скинијата на сведоштвото: да ја носат Свјатаја Свјатих. Кога ќе треба да се крене на пат, Арон и синовите негови да влезат и да ја симнат покривната завеса и да го покријат со неа ковчегот на сведоштвото и да го покријат со покровот од сини кожи, и над неа да ја стават покривката цела од синкава волна, и да го постават носилата. И трпезата за лебот на предложението да ја покријат со платно од синкава волна и да ги наредат одозгора чиниите, и кадилниците, и чашите, и канчињата за пресипување, а на неа секогаш да има лебови; да стават врз нив црвена покривка, да ја покријат со покривало од сина кожа и да ја постават на носилата. Да земат исто така покривка сина, и да го покријат свеќникот за осветлување, и свеќите негови, и чистилките негови, и сите садови за елеј, со кои се служат, да го обвијат, и сите негови сосуди да ги покријат со покривка од сини кожи и да го стават на носила. А на златниот жртвеник да стават покривка од синкава волна, да го покријат со покривка од сини кожи, и да го постават на носилки. Да ги земат сите сосуди за служење, со кои служат во светилиштето, да го обвијат во синкава волнена обвивка, да ги покријат со покривка од сини кожи, и да ги постават на носилки. А покривка да стават и на жрвеникот и да го обвијат со пурпурно платно; да ги стават одозгора сите сосуди негови, со кои се служат во нив – кадилата, виљушките, лопатките и чашите, сите сосуди на жртвеникот – да го покријат со покривка од сини кожи и да го постават на носилка. И да земат пурпурно платно, да го покријат умивалникот и подножјата негови, да го обвијат во сина кожена покривка, и да го стават на носилка.« И направија така, Арон и синовите негови, покривајќи го целото светилиште и сите сосуди на светилиштето, па кога ќе се крева населбата, тогаш Каатовите синови да влезат и да носат; но тие не смеат да се допираат до светите работи, за да не умрат. Тие работи од скинијата на сведоштвото да ги носат Каатовите синови. Надѕирател ќе биде Елеазар, синот на свештеникот Арон, нему му се доверува елејот за светилникот, благомиризливото кадило, постојаниот лебен принос и елејот за помазание, – му се доверува целата скинија и си, што е во неа, светилиштето и она што му припаѓа нему. И му рече Господ на Мојсеја и Арона, велејќи: »Не го погубувајте родот на Каатовците меѓу левитите, туку еве што ќе направите за нив, за да бидат живи и да не умираат, кога пристапуваат кон Свјатаја Свјатих: Арон и синовите негови нека дојдат и нека му определат на секого од нив кој што ќе носи: но тие не смеат да се доближуваат и ненадејно да ја видат Свјатаја, за да не умрат.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Преброј ги и Гирсоновите синови според домовите нивни, според родовите нивни, од дваесет и пет години нагоре до педесет години, пребројте ги сите подобни за служба и за работа во скинијата на сведоштвото. Еве ја работата на Гирсоновиот род, кога ќе служат и ќе се движат: да ги носат оградите на скинијата, и скинијата на сведоштвото, покривката нејзина, и покривот од сини кожи, што е на неа, оградата на вратата од скинијата на сведоштвото, оградата на тремот, завесите од влезот во тремот, што е околу скинијата и жртвеникот, и си што им припаѓа ним; и сите сосуди за служење што извршуваат служба. Сите служби на Гирсоновите синови, кога носат товари и кога вршат работа, треба да се извршуваат по заповед на Арона и на синовите негови; секому да му се каже посебно што кој ќе носи. Тоа се службите на родовите на Гирсоновите синови во скинијата на сведоштвото и тоа е, што да пазат под надзор на Итамара, синот на свештеникот Арон. Преброј ги Мерариевите синови според родовите нивни, според домовите нивни; од дваесет и пет години нагоре до педесет години, преброј ги сите способни за служба, за да работат во скинијата на сведоштвото. Еве што треба да носат тие според службата своја во скинијата на сведоштвото: оградите од скинијата и јажињата нејзини, столбовите нејзини и подлогите нивни, и столбовите од сите страни на тремот и подножјата нивни, и столбовите за завесата на вратата од тремот, и колците нивни и јажињата нивни, и сите сосуди и подножјата и си што е потребно за служење и именувајте ги работите, што треба да ги носат. Тоа е работата на родовите на Мерариевите синови според службата нивна при скинијата на сведоштвото, а под надзор на Итамара, синот на свештеникот Арон.« И ги распоредија Мојсеј и Арон началниците Израилеви на Каатовите синови според родовите нивни и домовите нивни, од дваесет и пет години нагоре дури до педесеттата што ќе служи и работи секој во скинијата на сведоштвото. И излегоа на број според родовите нивни, две илјади и седумстотини и педесет. Тоа се преброените родови Каатови, на сите што ќе служат при скинијата на сведоштовото, и што ги изброи Мојсеј и Арон по заповед на Господа, дадена преку раката на Мојсеја. И Гирсоновите синови беа преброени според родовите нивни, и според домовите нивни, од дваесет и пет години и нагоре, дури до педесет години, што секој ќе работи и врши во скинијата на сведоштвото; и излегоа на број, според родовите нивни, според домовите нивни, две илјади и шестотини и триесет. Тоа се изброените од родовите на Гирсоновите синови, сите што ќе служат во скинијата на сведоштвото, а кои ги изброи Мојсеј и Арон, по заповед на Господа, преку раката на Мојсеја. Родовите на Мерариевите синови беа изброени според родовите нивни, според домовите нивни, од дваесет и пет години и нагоре, дури и до педесет години, сите способни за служба и за работа при скинијата на сведоштвото; и излегоа на број, според родовите нивни, според домовите нивни, три илјади и двесте. Тоа се преброените од родовите на Мерариевите синови, што ги преброи Мојсеј и Арон по заповед на Господа, дадени преку Мојсеја. И беа изброени сите левити, што ги изброи Мојсеј и Арон и началниците Израилеви според родовите нивни и според домовите нивни, од дваесет и пет години и нагоре, дури и до педесет години, сите способни да работат и да носат во скинијата на сведоштвото, и излегоа на број осум илјади и петстотини и осумдесет. По заповед на Господа ги распореди Мојсеј, секој за својата работа што ќе ја врши, и беа изброени, како што му заповеда Господ на Мојсеја. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Заповедај им на синовите Израилеви да ги истераат надвор од населбата сите лепрозни, и сите што имаа излив на семе, и сите што се оскверниле од мртовец; и мажите и жените истерајте ги, надвор од населбата истерајте ги, за да не ги осквернуваат домовите свои, меѓу кои и Јас живеам.« Така и направија синовите Израилеви и ги истераа надвор од населбата: како што му рече Господ на Мојсеја, така и направија синовите Израилеви. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви: ако маж или жена направи кој и да било грев против човек и со тоа изврши престап против Господа, виновна е таа душа. Нека го исповеда направениот грев и да го врати она, за што е виновен, и да додаде кон тоа уште една петина и да му го даде на оној, спрема кого згрешил. Ако тој човек нема наследник, кому би требало да му се врати за вината, тогаш да му го посвети тоа на Господа: нека биде тоа за свештеникот, освен овенот за очистувањето, над кој ќе се помоли тој за него. И секоја првина, и си што се осветува за синовите Израилеви, а ќе го донесуваат за Господа при свештеникот, нему му припаѓа; и посветеното, од кого и да е, нему му припаѓа, и, ако некој му даде нешто на свештеникот, нему му припаѓа.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Зборувај со синовите Израилеви и кажи им: ако некого го извевери жената и го презре, или ако некој преспие со неа и излие семе, и тоа се утаи од очите на мажот нејзин, или ако скрие дека се осквернила тајно, а против неа нема сведок, таа нема да биде разобличена; а него го обземе ли љубоморен дух, и почне да љубомори на жена си, кога таа е осквернета, или го обзема љубоморен дух, и тој почне да љубомори на жена си, кога таа не е осквернета, – тогаш мажот нека ја доведе жената при свештеникот и да принесе дар за неа една десетина од ефа јачмено брашно, на да не го полива со елеј и да не става на него ливан, зашто тоа е жртва за љубомора, жртва за спомен што наспомнува за беззаконие. А свештеникот нека ја приведе жената и нека ја исправи пред Господа; и да зема тој изворска вода во глинен сад и прав од сувата земја во скинијата, и да го стави во водата. Потоа свештеникот да ја исправи жената пред Господа, и да и ја открие главата и да го стави врз рацете нејзини приносот за спомен, – а тоа е принос за љубомора, а свештеникот да ја држи во раката измешаната вода, која носи проклетство. И свештеникот да ја заколне и да и рече на жената: ‚Ако никој не бил со тебе, и ти не си се осквернила и не си го изневерила својот маж, невина биди. Но, ако си го изневерила својот маж и си се осквернила, и ако некој, освен твојот маж, спиел со тебе, – тогаш свештеникот нека ја заколне жената со клетва за проклетството и нека и рече: – Да те предаде Господ на проклетството и на клетва во твојот народ, и да даде Господ утробата твоја да се исуши, и стомакот твој да се надуе; и да мине внатре во тебе таа вода што носи проклетство, па стомакот твој да се надуе и утробата твоја да се исуши.‘ – А жената да каже: ‚Амин, амин.‘ И свештеникот да ја напише таа клетва на хартија, а потоа да ја избрише во измешаната вода; и да и даде на жената да се напие од измешаната вода, што носи проклетство, и да влезе во неа водата, што донесува проклетство. И да земе свештеникот од рацете на жената лебен принос за љубомора, и да го издигне тој принос пред Господа, и да го однесе кај жртвеникот. И свештеникот да земе тогаш со рака малку од лебниот принос за спомен, да го изгори на жртвеникот и потоа да и даде да жената да ја испие водата; и откога ќе ја напои со водата, ако е таа нечиста и ако направила престап спрема својот маж, измешаната вода што носи проклетство, ќе влезе во неа, и стомакот ќе и се надуе, и утробата нејзина ќе се исуши, и таа жена ќе биде проклета меѓу својот народ. Ако, пак, жената не е осквернета и останала чиста, ќе остане без повреда и ќе се оплодува од семе. Тоа е законот за љубомора: кога жената ќе го изневери својот маж и ќе се оскверни, или кога љубоморен дух ќе го обзема мажот, и тој почне да љубомори на жена си, тогаш тој нека ја исправи жена си пред Господа, и нека го изврши свештеникот над неа си она според овој закон, – и мажот ќе биде чист од грев, а жената ќе го прими врз себе својот грев.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви и речи им: ако маж или жена вети да Му се посвети на Господа, да даде завет за да се очисти со Господовата чистота, тој треба да се воздржува од вино и од сикер, и од вински оцет, и од оцет од сикер, и не смее да пие ништо приготвено од грозје, а не смее да јаде ни свежо, ниту суво грозје; во сите денови на својот завет тој не смее да јаде и да пие ништо, што е приготвено од грозје, – од семките до лушпите. Во сите денови на неговиот завет за очистување брич не смее да ја допира главата негова; додека да минат деновите, во кои Му се посветил на Господа, тој е свет; треба да остави слободна да расте косата на неговата глава. Во сите денови, во кои Му се посветил на Господа, тој не смее да се доближува до мртво тело; тој не смее да се осквернува ни со допир до таткото свој и мајката своја, до братот свој и сестрата своја, кога ќе умрат, зашто заветот на Бога е врз главата негова; во сите денови на неговиот завет нека биде свет пред Господа. Ако некој кај него умре некој ненадејно, и со тоа се оскверни главата на неговиот завет, да ја истриже главата своја во денот на своето очистување, на седмиот ден да ја истриже, а во осмиот ден да му однесе на свештеникот при влезот од скинијата на сведоштвото две грлици или два млада гулаба. Свештеникот да принесе една од птиците како жртва за грев, а другата за сепаленица, и да се помоли за него за она во што се осквернил и да ја посвети главата негова во тој ден; во тој ден ќе се освети во Господа, во деновите на неговиот завет, а тој одново треба да ги почне на Господа посветените денови според својот завет и да принесе едногодишно јагне како жртва за престап; поранешните, пак, денови да не се сметаат, зашто главата му беше осквернета. И тоа е законот за оној што сака да освети, и во оној ден кога ќе завршат деновите за заветот негов, тој сам треба да принесе пред влезот од скинијата на сведоштвото, приведувајќи Му дар на Господа едно едногодишно машко јагне без недостаток за сепаленица, и едно женско јагне без недостаток како жртва за грев и еден овен без недостаток како жртва за спасение, и кошница со лебови без квас од пченично брашно, и лебови месени со елеј, и лебови помазани со елеј, и жртва за нив и за преливање. И свешетникот да го донесе тоа пред Господа и да принесе жртва за грев и сепаленица за него; овенот да Му го принесе на Господа како жртва за спасение заедно со кошницата бесквасни лебови; исто така свештеникот да го принесе лебот и преливот за него. А при влезот од скинијата на сведоштвото ветениот да ја истриже својата посветена глава, и да ја стави косата од својата посветена глава на огнот, што е под жртвата за спасение. И да земе свештеникот една сварена плешка од овенот, еден бесквасен леб од кошницата и еден леб и да ги стави во рацете на ветениот, откако тој ќе ја истриже својата глава; и да го издигне тоа свештеникот, нишајќи го пред Господа; тоа е светиња за свештеникот заедно со нишканите приноси и издигнатата плешка. Потоа назореот може да пие вино. Тоа е законот за ветениот, кој што ветил да Му даде дар на Господа за неговиот завет, освен она, што не е во состојба да даде: според законот за очистување.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи му на Арона и на синовите негови: така да го благословувате синовите Израилеви и говорете им: ‚да те благослови Господ и да те чува! да погледна милозливо кон тебе Господ со светлото Свое лице на тебе и да те помилува; да го сврти Господ кон тебе лицето Свое и да ти даде мир!‘ Така да го спомнувате името Мое над синовите Израилеви, и Јас, Господ ќе ги благословам.« Во оној ден кога Мојсеј ја изгради скинијата и ја помаза, кога ја освети неа и сите нејзини сосуди, и жртвеникот и сите негови сосуди, и ги помаза и ги освети, – тогаш доведоа при него дванаесет началници Израилеви, глави на домовите нивни, старешини на племињата што го надгледуваа пребројувањето, и донесоа принос свој пред Господа – шест покриени коли и дванаесет волови, по една кола од двајца началници и по едно теле од секого, и го донесоа тоа пред скинијата. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Земи го тоа од нив; тоа ќе послужи за извршување на службите во скинијата на сведоштвото; и дај им го тоа на левитите, секому според службата негова!« И ги зеде Мојсеј колите и воловите и им ги предаде на левитите: две коли и четири вола им даде на Гирсоновите синови, според службата нивна; и четири коли и осум волови им даде на Мерариевите синови, според службата нивна, под надзор на Итамара, синот на свештеникот Арон; а на Каатовите синови не им даде, зашто нивната работа беше да го носат светилиштето: на рамо треба да го носат. И донесоа началниците жртви за осветување на жртвеникот во оној ден кога го помазаа, а принесоа началниците и дарови свои пред жртвеникот. Па му рече Господ на Мојсеја: »На ден по еден началник да донесува свој принос за обновување на жртвеникот.« Во првиот ден го донесе својот дар Наасон, Аминадавовиот син, од племето на Јуда; дарот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша, тешка седумдесет сикли, според свештената сикла, обете полни со пченично брашно, смешано со елеј за жртва; една златна кадилница, тешка десет сикли, полна со темјан; едно теле, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица; еден козел од козите – жртва за грев; и жртва за спасение, две јуниња, пет овни, пет козли, пет јагниња. Тоа беше дар од Наасона, Аминадавовиот син. Во вториот ден дар свој донесе Натанаил, Согаровиот син, началник на племето Исахарово; тој донесе свој принос: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва; една златна касилница – десет сикли, полна со темјан, едно теле, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица, е еден козел како жртва за грев, и жртва за спасение – два јунца, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа беше дарот од Натанаила, Согаровиот син. Во третиот ден донесе началникот на синовите Завулонови Елиав, Хелоновиот син; дарот му беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва; една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан, едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица, еден козел – жртва за грев, и жртва за спасение две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа беше дар од Елиав, Хелоновиот син. Во четвртиот ден донесе началникот на Рувимовите синови Елисур, Седиуровиот син; дарот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаше – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно со елеј за жртва; една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан, едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица, еден козел – жртва за грев, и жртва за спасение две јуници, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Елисур, Седиуровиот син. Во петтиот ден донесе началникот на Симеоновите синови Саламиил, Сурисадаевиот син; приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, обете полни со пченично брашно, и измешано со елеј за жртва; една златна кадилница – десет сикли, полна со кадиво, едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица, еден козел – жртва за грев, и жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет колзли и пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Саламиил, Сурисадаевиот син. Во шестиот ден донесе началникот на Гадовите синови Елисаф, Рагуиловиот син; приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва; една златна кадилница – десет сикли, полна со кадиво, еден козел, едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица, еден козел жртва за грев, и жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет козли и пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Елисаф, Рагуиловиот син. Во седмиот ден донесе началникот на Ефремовите синови Елисам, Емиудовиот син; приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва; една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан, едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица, еден козел – жртва за грев, и жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Елисам, Емиудовиот син. Во осмиот ден донесе началникот на Манасиевите синови Гамалиил, Фадасуровиот син; приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва; една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан, едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица, еден козел – жртва за грев, и жртва за спасение, две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Гамалиил, Фадасуровиот син. Во деветтиот ден донесе началникот на Венијаминовите синови Авидан, Гидеониевиот син; приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно измешано со елеј за жртва; една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан, едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица, еден козел – жртва за грев, е жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишно јагниња. Тоа е дар од Авидана, Гидеониевиот син. Во десеттиот ден донесе началникот на Дановите синови Ахиезер, Амисадаевиот син; приносот негов беше една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва; една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан, едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица, еден козел – жртва за грев, И жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот на Ахиезер, Амисадаевиот син. Во единаесеттиот ден донесе началникот на Асировите синови Фагаил, Ехрановиот син; приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва; една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан, едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица, еден козел – жртва за грев, и жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Фагаил, Ехрановиот син. Во дванаесеттиот ден донесе началникот на Нефталимовите синови Ахиреј, Енановиот син; приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва. една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан, едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица, еден козел, жртва за грев, и жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Ахиреја, Енановиот син. Тоа беа даровите од началниците Израилеви при обновувањето на жртвеникот во денот на помазувањето негово: дванаесет сребрени чинии, дванаесет сребрени чаши, дванаесет златни кадилници. Во секоја чинија имаше по сто и триесет сикли сребро и во секоја чаша по седумдесет; и така, сребро во тие садови си на си – две илјади и четиристотини сикли, според свештената сикла; а дванаесетте златни кадилници полни со темјан, секоја имаше по десет сикли, според свештената сикла: злато во кадилниците си на си – сто и дваесет сикли. За сепаленици имаше вкупно: дванаесет телиња крупен добиток, дванаесет овни, дванаесет едногодишни јагниња, и жртвите со нив и прелив за нив, како и жртвите за грев дванаесет козли; а за спасение жртви имаше си на си: дваесет и четири телиња крупен добиток, шеесет овни, шеесет едногодишни козли, шеесет едногодишни јагниња без недостаток; тоа беа даровите при осветувањето на жртвеникот откако беше помазан. Кога Мојсеј влегуваше во скинијата на сведоштвото да зборува со Господа, слушаше глас, кој му говореше од поклопецот, што е над ковчегот на откровението меѓу двата И му рече Господ на Мојеја, велејќи: »Јави му на Арона и кажи му: кога ги палиш кандилцата, отспреди на светилникот треба да горат седум канцилца.« Арон така и направи: отспреди на светилникот ги запали кандилцата негови, како што му заповеда Господ на Мојсеја. И еве како е направен светилникот: излеан е од злато – од стеблото негово до цветовите негови; тој го направи светилникот според образецот, што Господ му го беше покажал на Мојсеја. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Земи ги левитите меѓу синовите Израилеви и очисти ги. А за да ги очистиш, постапи со нив вака: пороси ги со вода за очистување, и нека го избричат со брич целото тело свое и да ги исперат алиштата свои, па ќе бидат чисти. И да земат едно теле од воловите и заедно со него и жртва принос од пченично брашно, измешано со елеј, и друго теле нека земат – жртва за грев. И доведи ги левитите пред скинијата на сведоштвото и собери го целото општество на синовите Израилеви; доведи ги левитите пред Господа, а синовите Израилеви нека ги стават рацете свои врз левитите. Арон, пак, да го изврши над левитите посветувањето нивно пред Господа од страна на синовите Израилеви за да Му служат на Господа; а левитите да ги ставаат рацете свои врз главите на телињата, и едното да го принесе како жртва за грев, а другото за сепаленица на Господа, за да се смили над нив Господ. Потоа постави ги левитите пред Арона и пред синовите негови и тие да го извршат над нив посветувањето нивно во Господа; така оддели ги левитите од синовите Израилеви, па левитите да бидат Мои. Потоа левитите, откако ќе ги очистиш и ќе го извршиш над нив посветувањето нивно, да влезат да служат во скинијата на сведоштвото; зашто тие Ми се дадени меѓу синовите Израилвеи; бидејќи место сите првородени од синовите Израилеви, кои отвораат секоја утроба, Јас ги зедов за Себе. Зашто Мои се сите првородени меѓу синовите Израилеви, од човек до добиток: во оној ден, кога Јас ги поразив сите првородени во Египетската земја, Јас ги осветив за Себе, и ги зедов левитите место сите првородени меѓу синовите Израилеви. Меѓу синовите Израилеви левитите му ги предадов на Арон а на синовите негови, за да служат место синовите Израилеви при скинијата на сведоштвото и да внимаваат на синовите Израилеви да не им се случи зло, ако се доближат до светилиштето.« Така и постапија со левитите Мојсеј и Арон и целото општество на синовите Израилеви; како што му заповеда Господ на Мојеја за левитите, така и постапија со нив синовите Израилеви. И левитите откако се очистија и ги испраа облеките свои, Арон изврши над нив посветување пред Господа и ги очисти, и се помоли за нив за да бидат чисти. Потоа левитите влегоа да служат во скинијата на сведоштвото пред Арона и пред синовите негови. Како што му заповеда Господ на Мојсеја за левитите, така и направи со левитите. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Еве го законот за левитите: од дваесет и пет години и нагоре да стапуваат на служба при скинијата на сведоштвото, а од педесет години натаму да престанат да служат и повеќе да не работат; а тогаш тие нека им помагаат на браќата свои да чуваат стража при скинијата на сведоштвото, но служба да не служат, така постапувај со левитите, што се однесува до службата нивна.« И му рече Господ на Мојсеја во Синајската пустиња во првиот месец од втората година, откако беа излегле од Египетската земја, велејќи: »Нека напарват синовите Израилеви Пасха во определеното за неа време: на четиринаесеттиот ден од тој месец вечерта направете ја во определеното време за неа; според занокот за неа и со сите обреди за неа направете ја!« И им рече Мојсеј на синовите Израилеви да направат Пасха. И направија Пасха во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот вечерта, во Синајската пустиња: како што му заповеда Господ на Мојсеја, така и постапија во си синовите Израилеви. А имаше луѓе, кои беа нечисти од допир до мртви човечки тела, па не можеа да направат Пасха во оној ден; и дојдоа тие луѓе во оној ден кај Мојсеја и Арона, и му рекоа на Мојсеја: »Ние сме нечисти од допир до мртви човечки тела; зошто не ни дозволуваат и ние да му принесеме принос на Господа во определеното време меѓу синовите Израилеви?« И им рече Мојсеј: »Почекајте да чујам, како ќе заповеда Господ за вас.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви: ако некој од вас или од потомците ваши биде нечист поради допир до мртво тело, или биде на долг пат, при вас или кај родовите ваши, и тој нека направи Пасха Господова. Таквите нека ја направат во четиринаесеттиот ден од вториот месец вечерта и нека ја јадат со бесквасен леб и со горчливи тревки; и да не оставаат од неа за утрешниот ден и коските нејзини да не се кршат; нека ја направат според сите наредби за Пасха. А оној што е чист, а не бил на долг пат и не направи Пасха, – да се истреби таа душа од народот свој, зашто тој не Му принесол дар на Господа во определеното време: грев нека прими врз себе тој човек. Ако при вас живее придојден и тој треба да направи Пасха Господова; според наредбата за Пасха и спред обредот за неа тој трева да ја направи; една наредба нека е за вас – и за придојден, и за тукашен.« Во оној ден кога беше поставена скинијата, облак ја покри скинијата и домот на сведоштвото, и до вечерта па до мугри со гледаше нешто како оган над скинијата. Така стануваше секогаш: облак ја покриваше дење и нешто како оган – ноќе. И штом облакот ќе се кренеше од скинијата, синовите Израилеви тргнуваа на пат, и на местото, каде што облакот запираше, таму се сместуваа синовите Израилеви. По заповед на Господа синовите Израилеви тргнуваа на пат и по заповед на Господа застануваа: за сето време, додека облакот сотеше над скинијата, стоеја и тие; и ако облакот долго време остануваше над скинијата, синовите Израилеви го набљудуваа тој Господов знак и не тргнуваа. Понекогаш, пак, облакот малку време остануваше над скинијата: според знакот Господов тие се запираа и според знакот Господов тргнуваа на пат. Понекогаш облакот стоеше само од вечечерта до утрината, и наутро облакот се креваше, тогаш и тие тргнуваа; или облакот стоеше и дење и ноќе, и кога ќе се кренеше, тогаш и тие тргнуваа; или ако еден ден, или цел месец, облакот остануваше над скинијата, тогаш и синовите Израилеви стоеја и не тргнуваа на пат; а кога ќе се издигнеше, тогаш тргнуваа. На знакот Господов се запираа и според знакот Господов тргнуваа на пат, го набљудуваа знакот Господов по заповедта на Господа, дадена преку Мојсеја. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Направи си две сребрени труби, ковани направи ги, за да ти служат да го собираш народот и да ги креваш полковите. А кога ќе затрубиш со нив, да се собере кај тебе целото општество пред влезот од скинијата на сведоштвото. Кога ќе се затруби со едната труба, да дојдат кај тебе кнезовите и војводи Израилеви. Кога ќе затрубите за поаѓање, да се кренат оние полкови, што се сместени кон исток. Кога ќе затрубите по вторпат за поаѓање, тогаш да се кренат полковите, што се сместени кон југ; штом ќе затрубите по третпат за поаѓање, нека се кренат полковите што се настанети кон морето; кога по четврти пат ќе дадете знак, да се кренат полковите, што се настанети кон север; да се труби кога се тргнува на пат. Кога, пак, се свикува собранието, трубете, но не со знак. Со трубите да трубат Ароновите синови, свештениците: тоа да ви биде вечен закон во родовите ваши. И кога ќе се кренете да ја браните земјата ваша од непријателот, кој оди против вас, трубете со знак, и Господ, Бог ваш, ќе си спомни за вас, и вие ќе се избавите од непријателите ваши. И во деновите на веселбата ваша, и во празниците свои, и во новомесечијата свои трубете за сепаленица, а при жртвите ваши за спасение, – и тоа да биде сеќавање пред вашиот Бог: Јас сум Господ, Бог ваш.« На втората година, во вториот месец, на дваесеттиот ден од месецот, облакот се крена од скинијата на сведоштвото. Тогаш синовите Израилеви појдоа од Синајската пустиња со имотите свои, и облакот застана во пустињата Фаран. И се кренаа тие за првпат, по заповед на Господа, дадена преку Мојсеја. Прво беше кренато знамето, што беше во полето на синовите Јудини, според доброволците нивни; над војската Јудина беше Наасон, Аминадавовиот син; над војската од племето на синовите Исахарови беше Натанаил, Согаровиот син; над војската од племето на синовите Завулонови беше Елиав, Хелоновиот син; И се кренаа синовите Гирсонови и синовите Мерариеви, кои ја носеа скинијата. А беше кренато и знамето во полкот на синовите Рувимови со нивната војска; и над војската Рувимова беше Елисур, Седиуровиот син; а над војската од племето на синовите Симеонови беше Саламиил, Сурисадаевиот син; над војските, пак, од племето на синовите Гадови беше Елисаф, Рагуилов син. Потоа тргнаа Каатовите синови, носејќи го светилиштето; и скинијата ја поставуваа онде, каде што пристигнуваа. И се крена знамето во полкот на синовите Ефремови со војската негова; и над војската Ефремова беше Елисам, Емиудовиот син; а над војската од племето на синовите Манасиеви беше Гамалиил, Фадасуровиот син; над војската пак, од племето на синовите Венијаминови беше Авидан, Гадеониевиот син. Последно меѓу сите полкови беше кренато знамето во полкот на синовите Данови со војската нивна; и над војската Данова беше Ахиезер, Амисадаевиот син; а над војската од племето на синовите Асирови беше Фагаил, Ехрановиот син. над војската пак, од племето на синовите Нефталимови беше Ахиреј, Енановиот син. Тоа се полковите на синовите Израилеви со војските нивни. И тргнаа. И му рече Мојсеј на Јовав, Рагуиловиот син, Мадијамецот, Мојсеевиот тест: »Ние одиме во она место, за кое Господ рече: ‚вам ќе ви го дадам.‘ Дојди со нас, ќе ти направиме добро, зашто Господ вети многу добрини за Израилот.« Но тој му одговори: »Нема да дојдам; ќе отидам во земјата своја, при родот свој ќе појдам.« А Мојсеј му рече: »Не оставај ни, зашто ти беше со нас во пустињата, и при нас ќе бидеш старешина. Ако појдеш со нас, оние добра, што Господ нам ќе ни ги направи, ќе ти ги направите и ние тебе.« И изминаа од планината Господова три дена пат, и ковчегот на заветот Господов одеше пред нив на три дена пат, за да им одбере место, каде да се сместат. И облакот Господов ги осенуваше дење, кога тргнуваа од логорот. Кога ковчегот се креваше за пат, Мојсеј велеше: »Стани, Господи, за да се растурат Твоите непријатели, и да избегаат од Твоето лице оние, што Те мразат!« А кога ковчегот се запираше, тој велеше: »Врати се, Господи, кај илјадите и десетиците илјади Израилеви!« Народот почна гласно да мрмори пред Господа; и Господ чу, па Му се разгори гневот, и меѓу нив пламна оган Господов и истреби еден дел од војската. И повика народот кон Мојсеја; Мојсеј Му се помоли на Господа и огнот престана. И го нарекоа тоа место »(оган)« тавера, зашто меѓу нив беше пламнал оган Господов. Продојдените меѓу нив почнаа да негудуваат, а заедно со нив и синовите Израилени седнаа, плачеа и велеа: »Кој ќе ни нахрани со месо? Ја помниме рибата што ја јадевме како подарок во Египетската земја, краставиците и дињите, и кромидот, и празот, и лукот; а сега душата наша се исушила: освен мана, ништо друго пред очите наши.« А маната прилегаше на кориандрово семе и изгледаше како кристал. Народот одеше да ја собира и ја мелеше со рачници, и ја толчеше во вагани, и ја вареше во котли, па правеше од неа питки; по вкус тие личеа на питулици, приготвени со елеј Кога ноќе паѓаше роса врз логорот, тогаш паѓаше и мана врз него. И чу Мојсеј дека народот плаче во колибите свои, секој пред вратата од шаторот свој; и гневот Господов силно се разгоре, и на Мојсеја му стана тешко. И Му рече Мојсеј на Господа: »Зошто го озлоби Твојот роб и зошто не најдов јас милост пред очите Твои, па го стави врз мене целото бреме на овој народ? Зар јас го зачнав во утробата своја овој народ, и зар јас го родив, па ми велиш: ‚носи го на раце, како што доилката го носи детето, до земјата, која Ти со клетва му ја вети на татковците негови?‘ Од каде при мене месо, па да им дадам на сите овие луѓе, оти тие плачат пред мене и велат: ‚дај ни месо да јадеме.‘ Јас сам не можам да го водам сиот овој народ, зашто таа заповед е тешка за мене. Штом така постапуваш со мене, подобро убиј ме ако сум добил милост пред Твоите очи, па да не ја гледам неволјата своја.« И му рече Господ на Мојсеја: »Собери ми седумдесет мажи од старците меѓу старешините Израилеви, за кои знаеш дека се негови старешини и надзиратели, па доведи ги кај скинијата на сведоштовото, за да застанат таму заедно со тебе. Јас ќе слезам и ќе зборувам таму со тебе, ќе земам од Духот, Кој е во тебе, и ќе им наредам ним, да го носат заедно со тебе товарот на народот, а не ти сам да го носиш. А на народот кажи му: ‚очистете се за утрешниот ден, и ќе јадете месо; зашто плачете пред Господа велејќи: – кој ќе не нахрани со месо; добро ни беше во Египет, – затоа Господ ќе ви даде месо, и ќе јадете месо; ќе јадете не ден, не два, не пет дена, не десет и не дваесет дена, но цел месец ќе јадете, додека не ви излезе од ноздрите и не ви омрзне, затоа што го презревте Господа, Кој што е меѓу вас, и плачете пред Него, велејќи: – што ни требаше да излегуваме од Египет?‘« И рече Мојсеј: »Шестотини илјади пешаци има во тој народ, меѓу кои сум и јас, а Ти велиш: Јас ќе им дадам месо, и ќе јадат цел месец! зар треба да се заколат сите овци и волови, па да им биде доволно, или ќе се собере сета морска риба, па да ги задоволи?« И му рече Господ на Мојсеја: »Зар е раката Господова кратка: сега ќе видиш, ќе се оствари ли зборот Мој кон тебе, или не!« Мојсеј излезе и му ги кажа на народот зборовите Господови, и собра седумдесет постари мажи меѓу старешините народни и ги постави околу скинијата. И Господ слезе во облак и говореше со него, и зеде од Духот, Кој беше над него, и им даде на седумдесетте мажи старешини. И кога слезе над нив Духот, тие почнаа да пророкуваат, но потоа престанаа. Двајца од мажите беа останале во логорот; името на едниот му беше Елдад, а на другиот – Модад; но и над нив беше слегол Духот, тие беа меѓу запишаните, само што не излегоа при скинијата, но и тие пророкуваа во логорот. Дотрча едно момче и му јави на Мојсеја, и рече: »Елдад и Модад пророкуваат во логорот.« Во одговор на тоа Исус син Навинов, служител на Мојсеја, еден од избраниците негови, рече: »Господаре мој, Мојсеју, забрани им!« Но Мојсеј му рече: »Зар завидуваш поради мене? О, да беа сите од народот Господов пророци, и да им го испратеше Господ Својот Дух!« Тогаш Мојсеј се врати во логорот, тој и старешините Израилеви. Потоа ветар дувна од Господа, и донесе откај морето потполошки и ги натрупа околу логорот на еден ден пат од едната страна и на еден ден пат од другата страна околу логорот, речиси до два лакта од земјата. Се крена народот, и целиот оној ден и цела ноќ и целиот иден ден се собираа потполошки; и оној, кој малку собираше, и тој набра десет гомери: и си ги наредија околу логорот да се сушат. Месото беше уште во нивните заби и уште не беше изедено, и се разгоре гневот Господов против народот, и Господ го порази народот со мошне голем пораз. И го нарекоа тоа место: гробишта на алчноста, зашто таму го погребаа народот, што се покажа алчен. И се кренаа луѓето од гробиштата на алчноста, па појдоа за Асирот, и во Асирот се сместија. Тогаш Маријам и Арон го прекоруваа Мојсеја поради жената Етиопјанка, што ја беше зел, зашто тој се беше оженил со Етиопјанка; и рекоа: »Само на Мојсеја ли му зборува Господ? Не ни говореше ли Он и нам?« И Господ го чу тоа. А Мојсеј беше најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата. И им рече Господ веднаш на Мојсеја, Арона и на Маријам: »Излезете вие тројца пред скинијата на сведоштвото!« Тие излегоа и тројцата. И слезе Господ во облаков столб, застана при влезот од скинијата на сведоштвото, па го повика Арона и Маријам, и тие излегоа и двајцата. И рече: »Чујте ги Моиве зборови: ако меѓу вас има пророк Господов, Јас му се откривам во видение, на сон говорам со него; не е така, меѓутоа со Мојот слуга Мојсеј, – тој е верен на целиот Мој дом: Јас говорам со него уста со уста, и јавно, а не преку гатање, и тој ја виде славата Господова; а вие како не се исплашивте да го прекорувате Мојот слуга Мојсеја?« И се разгори гневот на Господа против нив, и Он си отиде. Се повлече и облакот од скинијата, и ете, Маријам беше прокажена со лепра, бела како снег. Арон ја погледна Маријам, и, ете, таа е лепрозна. И му рече Арон на Мојсеја: »Помоли Го Господа ова да не ни го смета за грев, бидејќи не знаевме дака погрешивме; не оставај таа да остане како мртвородено младенче, чие тело, кога излегува од мајкината утроба, до половина веќе е гнило.« И се обрна Мојсеј кон Господа, велејќи: »Боже, Ти се молам, исцели ја.« Му рече Господ на Мојсеја: »Ако татко и ја беше плукал во лице, не ќе требаше ли таа да се срамува седум дена! И така, таа да биде затворена седум дена надвор од населбата, а потоа пак да се врати.« И се одлучи Маријам да биде затворена надвор од логорот седум дена, и народот не тргна на пат, додека таа не се врати. Потоа народот тргна од Асирот и се размести во шатори, во пустињата Фаран. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Испрати од себе луѓе да ја разгледаат Хананската земја, која Јас им ја давам на синовите Израилеви во владение: по еден човек од секое племе според домовите нивни; испрати ги сите нивни старешини!« Тогаш Мојсеј ги испрати од пустињата Фаран, по заповед Господова, и тие сите беа мажи, старешини на синовите Израилеви. Еве ги имињата нивни: од Рувимовото племе – Самуил, Захуровиот син; од Симеоновото племе – Сафат, Суриевиот син; од Јудиното племе – Халев, Јефониевиот син; од Исахаровото племе – Игал, Јосифовиот син; од Ефремовото племе Авсис Навиновиот син; од Венијаминовото племе – Фалтиј, Рафувовиот син; од Завулоновото племе – Гудиил, Судиевиот син; од Јосифовото племе на синовите Манасиини – Гадиј, Сусиновиот син; од Дановото племе – Амиил, синот на Гамалин; од Асировото племе – Сатур, Михаиловиот син; од Нефталимовото племе – Навиј, Савиновиот син; од Гадовото племе – Гудиил, Махиловиот син. Тоа се имињата на мажите, што ги испрати Мојсеј да ја разгледаат земјата. И го нарече Мојсеј Осија, Навиновиот син, Исус. Ги испрати Мојсеј од пустињата Фаран, за да ја разгледаат Хананската земја и им рече: »Одете во онаа пустиња и качете се на гората, и погледајте ја земјата каква е, и народот, што живее таму: силен ли е или е слаб, малуброен ли е или е многуброен; и каква е земјата, каде што живее тој, добра ли е или лоша; и какви се градовите, во кои живее, – оградени ли се или не. Каква е земјата, плодна ли е или не, има ли на неа дрвја или нема? Поткрепете се, па земете од плодовите на земјата.« А тоа беше во пролет кога зреат јагодите. Тие отидоа и ја разгледаа земјата од пустињата Син дури до Роов, близу до Емат; и одејќи по пустињата, тие стигнаа до Хеврон, каде што живееја Ахиман, Сесиј, и Теламин, од родот на Енах; а Хеврон беше изграден седум години порано од египетскиот град Танин; и дојдоа до долината со лозја и ја разгледаа, и таму видоа прачка со еден грозд, ја пресекоа и обајцата ја понесоа на стап; зедоа и калинки и смокви; тие го нарекоа тоа место лозова долина поради гроздот што го пресекоа таму синовите Израилеви. И откако ја разгледаа земјата, се вратија по четириесет дена. И кога пристигнаа и дојдоа кај Мојсеја и Арона и кај целото општество на синовите Израилеви во пустињата Фаран, во Кадес, тие му донесоа таму и на целиот народ одговор, и им ги покажаа плодовите од онаа земја; и му раскажаа и рекоа: »Бевме во земјата, во која ни испрати; во земјата каде што тече мед и млеко, и еве ги плодовите нејзини; но народот, што живее во таа земја, е силен, и градовите се укрепени со големи огради; таму го видовме и родот Енахов. Амалик живее во јужниот дел на земјата, а Хетејците, Евејците, Јевусејците и Аморејците живеат по планината, Хананејците, пак, жиевеат крај морето и по брегот на Јордан.« Но Халев го успокојуваше народот пред Мојсеја, велејќи: »Да идеме и да ја преземеме, зашто можеме да ја завладееме!« А оние, што беа оделе заедно со него, рекоа: »Не можеме да одиме против тој народ, зашто е посилен од нас.« И протурија ужасни гласови меѓу синовите Израилеви за земјата, што ја беа разгледале и велеа: »Земјата што ја изодивме, за да ја разгледаме, е земја, која ги голта своите жители, и сите, што ги видовме на неа, се многу поголеми. И таму видовме исполини, од родот Енахов; ние изгледавме пред нив како скакулци, такви бевме и во нивните очи.« Тогаш целиот народ почна да вика и плачеше целата таа ноќ; и сите синови Израилеви роптаа против Мојсеја и Арона, и целиот народ им велеше: »О, да бевме умреле во Египетската земја, или да бевме изумреле во оваа пустиња! И зошто Господ ни води во таа земја, за да паднеме во борба! Жените наши и децата наши ќе станат плен; не е ли подобро да се вратиме во Египет.« Па си велеа едни на други: »Да си избереме старешина, и да се вратиме во Египет.« Тогаш Мојсеј и Арон паднаа ничкум пред целото собрание на Израиловите синови. И Исус, синот Навинов, и Халев, Синот Јефониев, меѓу оние, што ја беа разгледале земјата, ги раскинаа облеките свои и им рекоа на сите собрани синови Израилеви: »Земјата, што ја изодивме, за да ја разгледаме, е многу, многу добра. Ако Господ ни сака, ќе ни воведе во неа и ќе ни ја даде – таа земја, каде што тече мед и млеко; но не отстапувајте од Господа и не плашете се од народот на таа земја; зашто Он ќе ни биде потпора наша; тие немаат заштита, а со нас е Господ; не плашете се од нив.« И целото собрание рече: »Да ги убиеме со камења!« Но славата Господова се јави во облак над скинијата на сведоштвото пред сите синовите Израилеви. И му рече Господ на Мојсеја: »До кога ќе Ме огорчува овој народ, и до кога нема да Ми верува и покрај сите знаци, што ги извршив Јас меѓу него? Ќе го поразам со смрт, ќе го истребам, и ќе создадам од тебе и од домот на таткото твој народ многуброен и посилен од овој.« Но Мојсеј Му рече на Господа: »Ќе чујат Египтјаните, од чија средина Ти со силата Своја го изведе овој народ, но чуја за тоа и жителите на оваа земја, дека Ти, Господи, си меѓу овој народ, и дека Ти, Господи, им се јавуваш како лице во лице, и Твојот облак стои над нив, и ти одиш пред нив дење во облаков столб, а ноќе во огнен столб; па, ако Ти го истребиш овој народ до еден човек, тогаш сите оние што ја чуја славата Твоја, ќе речат: ‚Господ не може да го воведе овој народ во земјата, која со клетва му ја вети, па затоа го погуби во пустињата.‘ И така, нека се возвеличи силата Твоја, Господи, како што рече, велејќи: ‚Господ е долготрпелив и многумилостив и вистинит, Кој ги простува беззаконијата и неправдите, и гревовите, и не остава без казна, а за беззаконијата на татковците ги казнува децата дури до третото и четвртото колено.‘ Прости им го гревот на овие луѓе поради Твојата преголема милосрдност, како што си му простувал на овој народ од Египет до тука.« И му рече Господ на Мојсеја: »Простувам според зборот твој; но жив сум Јас, и секогаш ќе живее името Мое, и целата земја ќе се исполни со славата Господова: бидејќи оние луѓе, што ја видоа славата Моја и делата Мои, што ги извршив во Египет и во пустињата, и Ме искушуваа веќе десетпати, и не го послушаа гласот Мој, нема да ја видат земјата, која со клетва им ја ветив на татковците нивни; само на децата нивни, кои се тука со Мене, кои не знаат, што е добро, што е лошо, на сите малолетни, кои ништо не разбираат, ним ќе им ја дадам земјата, а сите оние што Ме огорчуваа, нема да ја видат; но Мојот слуга Халев, поради тоа што во него имаше друг дух, и затоа што Ми беше наполно верен, него ќе го воведам во земјата, во која тој отиде, и неговото потомство ќе ја наследи. Амаликијците и Хананејците живеат во долината; затоа утре вратете се и одете во пустињата кон Црвено Море!« И им рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи: »До кога овој лош народ ќе негодува против Мене? Јас го слушам негодувањето на синовите Израилеви, што ги упатуваат против Мене. Кажи им: жив сум Јас, вели Господ: како што вие Ми говоревте во ушите Мои, така ќе ви направам и Јас вам; во оваа пустиња ќе паднат телата ваши, и сите вие преброени, колку што сте на број, од дваесет години и нагоре, што роптате против Мене, нема да влезете во земјата, во која Јас со крената рака решив да ве населам, освен Халев, Јофониевиот син, и Исус, Навиновиот син; децата ваши, за кои велевте, дека ќе станат плен, ќе ги воведам таму, и тие ќе ја познаат земјата, која вие ја презревте; а вашите трупови ќе паднат во оваа пустиња; синовите ваши, пак, ќе скитаат по пустињата четириесет години и ќе страдаат, носејќи го вашиот грев си додека не загинат телата ваши во пустињава; според бројот на четириесет дена, во кои ја разгледувавте земјата, вие ќе стредате за гревовите ваши четириесет години, година за ден, па да ја разберете јароста на Мојот гнев. Јас, Господ, ви велам, навистина така и ќе постапам со сиов овој народ, востанат против Мене: во оваа пустиња сите ќе се истребат и ќе изумрат.« И оние, кои Мојсеј ги испрати да ја разгледаат земјата и, кои по враќањето свое, возроптаа пред сиов овој народ, ширејќи лоши гласови за земјата, оние, што ширеа лоши гласови за земјата, умреа, поразени пред Господа; само Иисус, синот Навинов, и Халев, синот Јефониев, останаа живи од оние мажи, што беа отишле да ја разгледаат земјата. Откога ги кажа Мојсеј тие зборови пред сите синови Израилеви, народот се расплака. И кога станаа рано утредента, се искачија на врвот од планината, велејќи: »Ете, ќе отидеме на она место, за кое Господ рече, бидејќи згрешивме.« Но Мојсеј рече: »Зошто не ја исполнивте заповедта Господова? Нема да успеете: не одете горе, оти Господ не е меѓу вас; и ќе паднете од непријателите ваши, бидејќи таму пред нас си Амаликијците и Хананејците, и ќе паднете од нож, зашто не Му се покоривте на Господа, и Господ нема да биде со вас.« Но тие решија и се искачија на врвот од планината; а ковчегот на заветот Господов и Мојсеј не се одделија од логорот. Амаликијците и Хананејците, што живееја на онаа планина, ги сопреа и ги гонеа дури до Ермон и се вратија во логорот. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви и речи им: ‚Кога ќе влазете во земјата, во која ќе живеете и која ви ја давам, и почнете да принесувате на Господа сепаленици, или жртви заклани, или по завет, или од сесрдност, или во текот на празниците ваши, нека биде со пријатен мирис пред Господа, тоа да биде жртва од стадата на говедата или од овците ваши;‘ тогаш оној, кој ја принесува жртвата на Господа, треба да принесе и дар принос на Господа од една десетина ефа пченично брашно, измешано со четврт ин елеј; и вино за прелив принесувај по чеврт ин за сепаленица, или приклана жртва: по едно јагне за благопријатен мирис пред Господа. И овен кога принесувате за сепаленица, принесувајте и жртва, принос две десетини ефа пченично брашно, измешано со една третина ин елеј; и вино за прелив принеси една третина ин за благопријатен мирис пред Господа. Ако принесувате сепаленица од говедата, или клана жртва, за да ти е молитвата поусрдна пред Господа, или жртва за спасение, тогаш заедно со телето принесете и принос три десетини ефа пченично брашно, измешано со половина ин елеј, и вино за прелив принесете половина ин како жртва, за благопријатен мирис пред Господа. Така прави при секој принос на теле, на овен, и на јагне од овците или од козите; според бројот на жртвите, што ги принесувате, така правете при секоја од нив, според бројот нивни. Секој тукашен така треба да прави, кога сево ова го принесува како жртва за благопријатен мирис пред Господа; и кога меѓу вас има придојден или кој и да било меѓу вас во редовите ваши, и принесе жртва за благопријатен мирис пред Господа, и тој треба да прави така, како што правите вие; за вас, народот Господов, и за придојдениот, кој живее меѓу вас, наредбата да биде една, наредбата вечна во редовите ваши: што сте вие, тоа да биде и придојдениот пред Господа; еден закон и еднакви права да бидат за вас и за придојдениот, кој живее меѓу вас.« Му рече уште Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви и речи им: кога ќе влезете во земјата, во која ве водам, и ќе почнете да јадете леб од таа земја, оставете и дел за Господа; од првините на тестото принесете; леб принесете од гумното. Така одвојувајте го лебот, првина на тестото ваше и принесувајте Му на Господа во родовите ваши. Ако погрешите и не ги исполнувате сите тие заповеди, кои Господ му ги кажа на Мојсеја, си она, што ви заповеда Господ Бог преку Мојсеја, од денот, кога Господ ви заповедал, и за во иднината во родовите ваши, – ако грешката е направена неволно од народот, тогаш целото општество нека принесе едно теле без недостаток за сепаленица, за благопријатен мирис на Господа, заедно со тоа и принос за прелив, според наредбите, и едно јаре од козите – жртва за грев. И свештеникот да се помоли за целото општество на синовите Израилеви, и ќе им се прости, зашто тоа било грешка, и тие принеле свој дар на Господа, жртва за грев пред Господа, поради своето незнаење. И ќе му биде простено на целото општество на синовите Израилеви и на придојдениот, кои живее меѓу нив, зашто целиот народ го направил тоа поради незнаење. Ако некој сам згреши поради несакање, нека принесе едногодишна коза заради својот грев. И свештеникот да се помоли за таа душа, која не сакајќи направила пред Господа грев, и таа ќе биде очистена и ќе и биде простено. Еден закон да биде за вас, како за жителите од синовите Израилеви, така и за придојдениот, кој живее меѓу вас, кога некој ќе погреши не сакајќи. Ако некој од тукашните или придојдените изврши нешто со дрска рака, тој хули на Господа; да се истреби таа душа од народот свој, зашто тој го презрел зборот на Господа и ја нарушил заповедта Негова, да биде истребена таа душа; гревот нејзин да биде врз неа.« Кога синовите Израилеви беа во пустињата, најдоа еден, како собира дрва во саботен ден; и оние, што го најдоа, како собира дрва во саботен ден, го приведоа кај Мојсеја и Арона и кај целото општество на синовите Израилеви; и го затворија, бидејќи уште не беше решено, што да се прави со него. И му рече Господ на Мојсеја: »Тој човек треба да умре; целото општество да го убие со камења надвор од населбата.« Тогаш целото општество го изведе надвор од населбата, и го убија со камења, и тој умре, како што му заповеда Господ на Мојсеја. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Објави им на синовите Израилеви и кажи им да си прават реси по полите на своите облеки во поколенијата свои, и во ресите, што се по полите, да влегуваат нишки од сина преѓа, и тие да ви бидат на ресите, па, кога ги гледате, да се спомните на сите заповеди Господови и да ги извршувате и да не се развратувате по срцето свое и очите ваши, со кои се заблудувате. Да ги помните и извршувате сите Мои заповеди и да бидете свети пред вашиот Бог. Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве изведе од Египетската земја, за да ви бидам Бог. Јас сум Господ, Бог ваш.« Кореј, синот на Исар, синот Каатов, синот Левиев, Датан и Авирон, синовите на Елиав, и Авнан, синот на Фалет, синови Рувимови, востанаа против Мојсеја заедно со двесте и педесет мажи од синовите Израилеви, началници на народот, повикувани на собранието, мажи познати. И се собраа против Мојсеја и Арона и им рекоа: »Доста ви е толку; целото општество, сите се свети, и меѓу нив е Господ! А вие зошто се поставувате погоре од народот Господов?« Кога го чу тоа, Мојсеј падна ничкум и му кажа на Кореја и на сите негови соученици, велејќи: »Утре ќе покаже Господ, кој е Негов, и кој е свет, за да го приближи кон Себеси; и кого Он ќе го избере, него и ќе го доближи до Себеси. Еве што ќе направи: Кореј и сите негови соучесници, земете си ги кадилниците и утре ставете во нив оган и сипете во нив темјан пред Господа; кого Господ ќе го избере, тој и ќе биде свет. Доста ви е толку Левиеви синови!« И му рече Мојсеј на Кореја: »Чујте Левиеви синови! Малку ли ви е тоа, што Бог Израилев ве оддели од Израилевото општество и ве приближи кон Себеси, за да служите при скинијата Господова и да стоите пред народот Господов, служејќи за нив? Он те приближи тебе и заедно со тебе сите твои браќа, Левиеви синови, а вие барате уште и да свештенодејствувате. И така, ти и целата твоја дружина сте се собрале против Господа. Што е Арон, па негодувате против него?« Мојсеј испрати да го повикаат Датана и Авирона, Елиавовите синови. Но тие рекоа: »Нема да одиме! Малку ли ти беше, што ни изведе од земјата, каде што тече мад и млеко, за да ни погубиш во пустињата, а сакаш уште и да господариш над нас; си станал кнез. Ни воведе ли во земјата, каде што тече мед и млеко, и ни даде ли да владееме ниви и лозја, или сакаш да им ги изведиш очите на тие луѓе? Нема да одиме!« Мојсеј се јадоса многу, и Му рече на Господа: »Не свртувај го погледот Свој кон нивниот принос; на никого од нив не сум му зел осел, никому од нив не сум му направил зло.« И му рече Мојсеј на Кореја: »Утре ти и целиот твој народ застанете пред лицето Господово, ти и Арон, и другите, па секој нека ја земе кадилницата своја, и ставете во нив темјан, и донесете ја пред лицето Господово секој својата кадилница – двесте и педесет кадилници; и ти и Арон, секој својата кадилница.« И сите ги зедоа своите кадилници, ставија во нив оган, ставија во нив темјан, и застанаа при влезот од скинијата на сведоштовото; исто така и Мојсеј и Арон. И Кореј ги собра против нив целото општество при влезот од скинијата на сведоштвото. И славата Господова се јави пред целото општество. И им рече Господ на Мојсеја и Арона, велејќи: »Секој од вас нека се истави од тие луѓе, и во еден миг ќе ги истребам.« А тие паднаа ничкум и рекоа: »Боже, Боже на духовите и на секоја плот! Еден човек згреши, а Ти на целото општество ли се гневиш?« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи му на народот: отстапете наоколу од живеалиштата на Кореја, Датана и Авирона!« И стана Мојсеј и отиде кај Датана и Авирона, и по него отидоа и старешините Израилеви. И му рече на народот: »Тргнете со од шаторите на тие луѓе со жестоко срце и не се допирајте до ништо нивно, за да не загинете заедно со нив во сите нивни гревови!« Тие се тргнаа наоколу од живеалиштата на Кореја, Датана и Авирона; а Датан и Авирон излегоа и застанаа пред вратите на шаторите свои и жените нивни, и децата нивни, и стоката нивна! Тогаш Мојсеј рече: »Во ова ќе познаете, дека Господ ме испрати да ги извршам сите овие дела, а не го правам тоа сам од себеси. Ако умрат тие, како што умираат сите луѓе, и ги стигне таква казна, каква што ги стигнува сите луѓе, тоа тогаш Господ не ме пратил; но, ако Господ изврши нешто необично, и земјата ја отвори устата и ги голтне и домовите нивни, и куќите нивни и си што има кај нив, и тие слезат живи во адот, тогаш уверете се, дека овие луѓе Го разгневиле Господа.« Штом ги изговори тие зборови, земјата се распука под нивните нозе, и земјата ја отвори устата своја и ги голтна нив и домовите нивни, и сите луѓе заедно со Кореја и добитокот нивни, и тие слегоа живи во адот со си што беше нивно, и земјата го покри, и нив ги снема од средината на општеството. Сите Израилци, што беа околу нив, се разбегаа од нивното викање, за да не ни голтне, велеа тие, и нас – земјата. Оган излезе од Господа и ги изгори оние двесте и педесет мажи, што беа принеле темјан. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи му на Елеазара, синот на свештеникот Арон, да ги собере бакарните кадилници на изгорените и туѓиот оган да го исфрли, бидејќи се осветија преку нивната смрт, и да се сплескаат како листови за оковување на жртвеникот, зашто тие ги донесоа пред лицето Господово, а затоа се осветија; и тие ќе бидат опомена за синовите Израилеви.« Тогаш Елеазар, синот на свештеникот Арон, ги зеде бакарните кадилници, што ги беа донеле изгорените, и ги сплеска на листови за оковување на жртвеникот, за да помнат синовите Израилеви, па никој надворешен, кој не е од Ароновото семе, да не принесува темјан пред Господа, за да не стане и со него она, што стана со Кореја и соучесниците негови, како што му беше рекол Господ преку Мојсеја. На вториот ден целото општество на синовите Израилеви возропта против Мојсеја и Арона и рече: »Вие го уништивте народот Господов.« И кога се собра народот, нападна на Мојсеја и на Арона, тие погледаа кон скинијата на сведоштвото, и ете, ја покри облак, и славата Господова се јави. И влегоа Мојсеј и Арон во скинијата на сведоштвото. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Отстранете се од тоа општество и Јас во еден миг ќе ги погубам!« Но тие паднаа на колена. И му рече Мојсеј на Арона: »Земи ја кадилницата, стави во неа оган од жртвеникот, сипи темјан и носи го тоа што поскоро кај народот и помоли се за нив, зашто гнев излезе од лицето на Господа, и почна да ги погубува луѓето.« И зеде Арон, како што рече Мојсеј, и се најде кај народот, и ете почна помор меѓу народот. И тој исипа темјан и се помоли за народот: застана меѓу мртвите и живите, и смртта престана. Изумреа од поморот четиринаесет илјади и седумстотини души, освен умрените по делото на Кореја. Тогаш Арон се врати кај Мојсеја, при влезот од скинијата на сведоштвото, откако престана поморот. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви и земи од нив по еден жезал од колено, по еден жезал од секој нивни кнез, дванаесет жезла, и името на секој напиши го на жезалот; Ароновото име напиши го на Левиевиот жезал, зашто тие треба да дадат еден жезал, според племето на нивниот род, и стави ги во скинијата на сведоштвото, пред ковчегот на откровението, каде што ви се јавувам; и кого Јас ќе го одберам, и неговиот жезал ќе го расцутам; и така ќе го отстранам ропотот на синовите Израилеви, што го креваат против вас.« И им рече Мојсеј на синовите Израилеви, и сите началници нивни им дадоа, од секој началник по еден жезал, дванаесет жезла, според кнежествата свои и родовите нивни; и Ароновиот жезал беше меѓу жезлата нивни. Тогаш Мојсеј ги постави жезлата пред лицето Господово во скинијата на сведоштвото. На вториот ден влезе Мојсеј и Арон во скинијата на сведоштвото, и ете, Ароновиот жезал, од Левиевиот дом, беше потерал, пуштил гранчиња, процутил и родил ореви. И ги изнесе Мојсеј сите жезли од лицето Господово пред сите синови Израилеви; и тие го видоа тоа и секој си го зеде својот жезал. И му рече Господ на Мојсеја: »Постави го пак Ароновиот жезал пред ковчегот на откровението да се чува, како претсказание за непокорените, па ропотот против Мене да престане и тие да не изумрат.« И Мојсеј и Арон направија така, како што му заповеда Господ на Мојсеја, така направија. И му рекоа синовите Израилеви на Мојсеја: »Ете, ние се требиме, гинеме, исчезнуваме; секој, што се приближува кон скинијата на сведоштвото Господово, умира: дали ќе изумреме така сите?« И му рече Господ на Арона: »Ти и синовите твои и татковиот ти дом заедно со тебе, понесете го врз себе гревот за немарноста во светилиштето; и ти и синовите твои заедно со тебе ќе го понесете врз себеси гревот за свештенодејствието свое. Земи ги кај себе браќата твои, од племето Левиево од родот на таткото твој; нека бидат тие кај тебе и нека ти служат, а ти и синовите твои заедно со тебе бидете кај скинијата на сведоштвото; и да пазат на тебе и на скинијата; само да не се доближуваат до светите сосуди и до жртвеникот, за да не умрете и вие, и тие. Нека бидат тие при тебе и да ја чуваат скинијата на сведоштвото, и на сите работи во скинијата; а човек надворешен да не пристапува кон тебе. Така пазете го светилиштето и жртвеникот, за да нема во иднина гнев против синовите Израилеви; зашто вашите браќа, левитите, Јас ги зедов меѓу синовите Израилеви и ви ги дадов вам како дар што Му е даден на Господа, за да служат при скинијата на сведоштвото; а ти и синовите твои заедно со тебе пазете го свештенството свое со си што принадлежи на жртвеникот; Јас ви подарувам служба свештена, а надворешен кој ќе се доближи, да биде убиен.« И му рече Господ на Арона: »Ете, Јас ти ги давам првините за возношение, од сите осветени дарови за Мене, додека од синовите Израилеви, тебе ти ги давам и на синовите твои преку вечна наредба. Ова нека биде ваше: од Свјатаја Свјатих, од сите нивни дарови, од сите нивни жртви, и од си поради престап, и од си поради грев; од си што Ми принесуваат Мене, од сите осветени дарови: тоа нека биде за тебе и за синовите твои. Тоа да го јаде секој; од машки пол може да го јаде; тоа да ти беде свето. И ова да биде ваше – од првините што се принесуваат, од си што се вознесува од синовите Израилевни преку вечен закон ти го дадов тебе, и на синовите твои, и на ќерките твои заедно со тебе, секој чист во куќата твоја може да јаде од тоа. Секоја првина од елеј, секоја првина од вино и од пченицата, – сите првини, што тие Му ги принесуваат на Господа, твои да се; и сите првини од плодовите на земјата нивна, што Му ги принесуваат на Господа, твои нека бидат; секој чист од куќата твоја може да го јаде тоа. Си ште е осветено во земјата Израилева, да биде твое. И си она, што ја отвора утробата во секоја плот, а се принесува на Господа, од луѓе и добиток, да биде твое: само првородените од луѓето се откупуваат за избавување, и првороденото од нечист добиток да биде откупено. А откупот им е: кога ќе почнеш од еден месец нагоре, според оценката твоја, земај откуп пет сикли сребрени, според свештената сикла, која има дваесет бакреници; но за првороденото теле и за првороденото од овците и за првороденото од козите не земај откуп: тие се свети; со крвта нивна пороси го жртвеникот, а лојот принеси го како жртва за благопријатен мирис на Господа, а месото нивно, пак, ти припаѓа тебе, како што ти припаѓаат градите за возношение и десната плешка.« Сите вознесувани свети дарови кои синовите Израилеви Му ги принесуваат на Господа, преку вечно озаконување ти ги давам тебе и на синовите твои и на ќерките твои заедно со тебе; тоа е завет скап, вечен пред Господа, даден за тебе и за потомството твое заедно со тебе. И му рече Господ на Арона: »Од земјата нивна ќе немаш наследство и дел нема да имаш меѓу нив, бидејќи Јас сум твојот дел и твоето наследство меѓу синовите Израилеви. А на Левиевите синови, ете, Јас им дадов како дел десеток од си, што има Израилот, за службата нивна, што ја вршат во скинијата на сведоштвото. И по сево ова синовите Израилеви да не пристапуваат до скинијата на сведоштвото, за да не згрешат и да не умрат. Левиевите сами нека ја вршат службата во скинијата на сведоштвото и да го носат врз себе нивниот грев. Тоа е вечно озаконување во поколенијата ваши; но меѓу синовите Израилеви тие нема да добиваат дел; бидејќи на левитите им го давам како дел десетокот од синовите Израилеви, кој тие го принесуваат за возношение пред Господа, затоа и им реков: меѓу Израилевите синови тие нема да наследуваат дел.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на левитите и речи им: ‚кога го земате од синовите Израилеви десетокот, кој ви го дадов од нив во дел, затоа вознесувајте Му од него возношение на Господа, од десетокот десеток, – и тоа веше возношение ќе ви се прими како жито од гумното и како дел од течноста; така и вие вознесувајте Му вознешение на Господа, од сите ваши десетоци, што ги земате од синовите Израилеви, и давајте го осветениот дар од нив за возношение Господово на свештеникот Арон. Од си што ви се дарува, принесувајте на Господа, од секоја првина што се осветува од него.‘ И кажи им: ‚кога ќе принесувате жртви тоа ќе им се смета за левитите какодар од гумно и дел од течност.‘ Можете да го јадете тоа не секое место, вие и синовите ваши и домашните ваши, зашто тоа ви е награда за вашата служба во скинијата на сведоштвото; и нема да погрешите ако ги принесувате првините од тоа; и не осквернувајте ги даровите за осветување од синовите Израилеви, за да не умрете.« И им рече Господ на Мојсеја и Арона, велеќи: »Еве ја наредбата на законот, што Господ ја заповеда, кога рече: јави им на синовите Израилеви да ти доведат јуница црвеникава, без повреда, без недостаток, и која не била впрегнувана; дајте ја на свештеникот Елеазар, и да ја изведат надвор од населбата на чисто место, и да ја заколат пред него. И нека зема свештеникот Елеазар од крвта нејзина и нека попрска од нејзината крв седумпати пред скинијата на сведоштвото. И потоа да ја изгорат пред очите негови: и кожата нејзина, и месото нејзино, и крвта, а и нечистотиите нејзини – да ги изгорат. И свештеникот да зема кедрово дрво, и исоп, и нишка од темноцрвена волна и да ги стави во средината на огнот каде што гори јуницата. А свештеникот да ја испере облеката своја и да го измие телото свое со вода, а потоа да влезе во населбата, и свештеникот ќе биде нечист до вечерта. И оној, што ја изгорел, да ја испере облеката своја со вода, и да го измие телото свое со вода, и да биде нечист до вечерта. А некој чист да ја собере пепелта од јуницата и да ја остави надвор од населбата на чисто место, и таа да се чува за општеството на синовите Израилеви, за приготвување очистителна вода. А оној, пак, што ја собрал пепелта од јуницата, да ја испере облеката своја, и да биде нечист до вечерта. Тоа нека биде вечно озаконение за синовите Израилеви и за придојдените, што живеат меѓу нив. Оној што ќе се допре до мртво тело на кој и да било човек, да биде нечист седум дена: тој треба да се очисти со таа вода на третиот ден и на седмиот ден, и ќе биде чист; ако, пак, не се очисти на третиот и седмиот ден, нема да биде чист. Секој, што се допрел до мртво тело на кој и да било умрен човек и не се очистил, ќе ја оскверни скинијата Господова; тој човек да се истреби од Израилот, зашто не е попрскан со вода за очистување, тој е нечист, нечистотата е си уште на него. Еве го законот: ако човек умре дома, тогаш секој, што ќе влезе во домот, и си што е во шаторот, да биде нечисто седум дена; секој откриен сад, незаврзан и непокриен, е нечист. Секој, што ќе се допре в поле до ранет, или до умрен, или до човечка коска, или до гроб, да биде нечист седум дена. За нечистиот да земат пепел од онаа изгорена жртва за очистување и да сипаат над неа изворска вода во сад. И некој чист нека зема исоп и нека го потопи во вода и да го попрска домот и сите садови и луѓе, што ќе се најдат таму, и оној, што се допрел до човечка коска, или до ранет, или до умрен, или до гроб; и чистиот да го попрска нечистиот на третиот и седмиот ден и во седмиот ден тој ќе се очисти; и да ја испере облеката своја, и да го измие телото свое со вода, и нечист ќе биде до вечерта. Ако некој се оскверни и не се очисти, тој човек да се истеби од народот, зашто тој го осквернил светилиштето Господово: тој не е испрскан со вода за попрскување, нечист е. Тоа нека ви биде вечна наредба. И оној, кој прска со вода за попрскување да ја испере облеката своја; и оној кој се допрел до вода за попрскување, да биде нечист до вечерта. И сѐ, до што ќе се допре нечистиот, да биде нечисто, и човек кој се допрел, ќе биде нечист до вечерта.« Тогаш синовите Израилеви, целото општество, дојдоа во пустињата Син во првиот месец, и народот се задржа во Кадес; таму умре Маријам, каде што беше и погребана. За народот немаше вода, и тие застанаа пред Мојсеја и Арона; и роптаа против Мојсеја и велеа: »О, да бевме умреле и ние тогаш, кога умреа нашите браќа пред Господа! Зошто го доведовте народот Господов во оваа пустиња, па да изумреме тука ние и добитокот наш? И зошто ни изведовте од Египет, па ни доведовте на ова лошо место, каде што не може да се сее, каде што нема ни смокви, ни лозја, ни јаболка, дури ни вода за пиење?« Тогаш Мојсеј и Арон се повлекоа од народот, кон влезот од скинијата на сведоштвото, и паднаа ничкум, и им се јави славата Господова. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Земи го жезалот свој и собери го народот, ти и братот твој Арон, и пред очите нивни кажете и на карпата пред нив и таа ќе пушти од себе вода: и така, ти ќе им дадеш вода од карпата и ќе го напоиш народот и добитокот негов.« Го зеде Мојсеј жезалот што е пред Господа, како што му заповеда Он. И го собраа Мојсеј и Арон народот кај карпата и тој им рече: »Чујте ме, непокорници, зар може од оваа карпа да ви извадиме вода?« И ја крена Мојсеј раката своја и удри двапати на карпата со жезалот свој, и потече многу вода, и народот се напи, а и добитокот негов. И им рече Господ на Мојсеја и Арона: »Поради тоа што не Ми поверувавте, и не ја пројавивте Мојата светост пред очите на синовите Израилеви, вие нема да го воведете тој народ во земјата, која Јас му ја давам.« Тоа е водата кај која синовите Израилеви возроптаа пред Господа, и Он се освети пред нив, и испрати Мојсеј пратеници од Кадес до едомскиот цар за да му кажат: »Вака вели братот твој Израил: ти ги знаеш сите тешкотии, што ни снајдоа; татковците наши слегоа во Египет, и ние живеевме во Египет долго време, и Египтјаните лошо постапуваа со нас и со татковците наши; и повикавме кон Господа, и Он го чу нашиот глас, па испрати Ангел, и ни изведе од Египет; и ете, ние сме сега во Кадес, град до самите твои предели. Дозволи ни да минеме преку твојата земја: нема да одиме преку села, ниту преку лозја, и нема да пиеме вода од потоците твои: туку ќе одиме по царскиот пат, и нема да скршнуваме ни десно, ни лево, додека да ги минеме твоите предели.« Но Едом им рече: »Не минувај преку мене, зашто со војската ќе излезам против тебе.« И му рекоа синовите Израилеви: »Ќе одиме покрај гората, и ако пиеме од водата твоја, јас и добитокот мој, ќе платиме за неа; но нема да има никаква штета, зашто покрај гората ќе минеме.« Но тој рече: »Не минувај преку мене!« И Едом излезе против него со многуброен народ и со силна рака. И така, Едом не се согласи да му дозволи на Израилот да мине преку неговите предели. И Израил се повлече од него. И се кренаа синовите Израилеви од Кадес, и целиот народ стигна до планината Ор. И им рече Господ на Мојсеја и Арона на планината Ор, близу до пределите на Едомската земја, велејќи: »Нека умре Арон при народот свој, зашто тој нема да влезе во земјата, која Јас им ја давам на синовите Израилеви, затоа што Ме огорчивте кај водата на расправија. И земи го братот твој Арона и синот негов Елеазар, и искачи ги на планината Ор пред целиот народ; и соблечи ја од Арона облеката негова и облечи го со неа синот негов Елеазар, и нека замине Арон и нека умре таму!« И направи Мојсеј така, како што заповеда Господ. Тие се искачија на планината Ор пред очите на целото општество, и ја соблече Мојсеј облеката од Арона и го облече со неа синот негов Елеазар. И умре таму Арон на врвот од планината, А Мојсеј и Елеазар слегоа од планината. И целото општество виде дека Арон умре, целиот Израилев дом плачеше по Арона триесет дена. Еден од хананските цареви, – царот на Арад, кој живееше на југ, кога чу, дека Израилот доаѓа по патот од кај Атарим, стапи во борба против Израилците и зароби неколкумина од нив. и се заветува Израилот пред Господа, и рече: »Ако го предадеш овој народ во рацете мои, ќе ги истребам градовите нивни, ќе ги уништам.« Господ го чу гласот на Израилот и ги предаде Хананејците во рацете негови, и тој победи и градовите негови ги опусти, и тоа место го нарече: запустение. Од планината Ор тие тргнаа кон Црвено Море, за да ја заобиколат земјата на Едом. И по патот народот падна со духот; и возроптаа луѓето против Бога и против Мојсеја: »Зошто ни изведе од Египет, па да умреме во пустињава: тука нема ни леб, ни вода, а во душата ни омрзна таа лоша храна?« и испрати Господ против народот отровни змии, кои го касаа народот, и многу луѓе изумреа од синовите Израилеви. И дојде народот при Мојсеја и рече: »Згрешивме кога се побунивме против Господа и против тебе; помоли Му се на Господ да ги отстрани од нас змиите.« И Мојсеј Му се помоли на Господа за народот. И му рече Господ на Мојсеј: »Направи бакарна змија и закачи ја на знамето како знак, и ако касне некого змија, каснатиот, штом ќе ја погледне, ќе остане жив.« И направи Мојсеј бакарна змија и ја закачи на знамето како знак, и кога некоја змија ќе каснеше некој човек, тој штом ќе ја погледнеше бакарната змија, остануваше жив. И тргнаа синовите Израилеви и се задржаа во Овот; се кренаа и од Овот, и застанаа во Ахалгеј, спроти пустињата Моав, која е на исток. Оттаму тргнаа и дојдоа во долината Заред; оттука, кога тргнаа, се задржаа во оној дел од страната на Арнон, кој тече од пределите на Амореја, бидејќи Арнон е границата на Моав, меѓу Моав и Амореја. Затоа и е речено во книгата за војните Господови: »го уништи Зоов, и потокот Арнон. И по потокот ја изгради населбата Ир, која му припаѓа на Моав.« Оттука тргнаа кон еден извор, а тоа е оној кладенец, за кој Господ му рече на Мојсеја: »собери го народот и ќе им дадам вода.« Тогаш Израилот ја запеа песната: »извирај, кладенец! Пејте за кладенецот што го ископаа кнезовите, а народните водачи заедно со законодавецот го разрушија со жезлата свои.« И од кладенецот тргнаа кон Мантанаил. Од Мантанаил во Наадил, од Наадил, во Вамот, а од Вамот за Напин, кој е во Моавската земја, од пресечениот врв, свртен со лицето кон пустињата. И ги прати Мојсеј пратениците при Сион, аморејскиот цар, со предлог за мир, и да му кажат: »Дозволи ни да минеме преку твојата земја; ќе одиме по патот, нема да навлегуваме ни во селата, ни во лозјата, и нема да пиеме вода од твоите кладенци, а ќе одиме по царскиот пат, додека да ги минеме пределите твои.« Но Сион не му дозволи на Израила да мине преку пределите негови; и го собра Сион целиот свој народ и излезе против Израилот во пустињата, и стигна до Јасан и се судри со Израилот. И го порази Израил со меч и завладеа со земјата негова од Арнон до Јавок, дури до Амоновите синови, бидејќи Јазир е амонитски предел. И ги зазеде Израил сите тие градови, и се насели Израилот во сите аморејски градови, во Есевон и во сите нему потчинети; зашто Есевон беше град на аморејскиот цар Сион, кој војуваше против поранешниот моавски цар и ја беше одзел од рацете негови целата земја негова од Ароир дури до Арнон. Затоа велат писателите: дојдете во Есевон, нека се изгради и утврди градот Сион; бидејќи оган излезе од Есевон, пламен од градот Сионов и изгоре дури до Моав и ги проголта столбовите арнаитски. Тешко тебе, Моаве, изгинаа луѓето Хамосови, синовите негови ги заробија, и ќерките му станаа робинки на аморејскиот цар Сион. И семето нивно се затре од Есевон дури до Девон, и жените нивни, кои изгореа од оган кај Моав. И се насели Израилот во Аморејската земја. И испрати Мојсеј да го разгледаат Фазир, па го зазедоа него и селата негови, и ги изгонија Аморејците што живееја таму. Тогаш се повратија и појдоа кон Васан. И излезе против нив васанскиот цар Ог, самиот тој и целиот народ негов, за да се судри со нив кај Едраин. И му рече Господ на Мојсеја: »Не бој се од него, зашто Јас ќе ти го предадам во рацете твои него и целиот народ негов и целата земја негова, и ќе постапиш со него, онака како што постапи со аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон.« И го порази него и синовите негови и целиот народ негов, така што ниеден од нив не остана жив; и ја наследија земјата негова. Тогаш синовите Израилеви тргнаа и се задржаа на запад од Моав, кај Јордан спроти Јерихон. И Валак, синот Сепфоров, виде си што им беше направил Израилот на Аморејците. И Моавците многу се уплашија од тој народ, бидејќи беше многуброен; затоа тие многу се уплашија од синовите Израилеви. Тогаш Моавците им рекоа на Мадијамските старешини: »Овој народ сега истребува си околу нас, како што телињата ја изедуваат полската трева.« А Валак, синот Сепфоров, беше моавитски цар во тоа време. Тој испрати пратеници при Валаам, синот Веоров во Фадур, крај реката во земјата на синовите на неговиот народ, да го повикаат и да му кажат: »Ете, овие луѓе дојдоа од Египет и го покрија лицето земно, и сега се сместени во моето владение. Па дојди и проколни ми го тој народ, бидејќи се посилни од мене: тогаш можеби ќе бидам во состојба да ги поразам и да ги изгонам од земјата моја; бидејќи знам, дека кого ќе го благословиш ти, тој е благословен, и кого ќе го проколнеш, тој е проколнат.« И отидоа моавските старешини и старешините Мадијамски со подароци во рацете и дојдоа при Валаам и му ги соопштија Валаковите зборови. И тој им рече: »Преноќевајте ноќеска овде, и јас ќе ви одговорам што да правите, онака како што ќе ми рече Господ.« И моавските старешини останаа кај Валаама. И дојде Бог при Валаам и му рече: »Кои се оние луѓе кај тебе?« Валаам Му одговори на Бога: »Моавскиот цар Валак, синот Сепфоров ги испратил при мене да кажат: ‚ете, луѓе дојдоа од Египет и го покрија земното лице, па се сместија на моето владение; дојди, па, проколни ги; тогаш можеби ќе можам да ги поразам и да ги изгонам од земјата.‘« И му рече Бог на Валаама: »Не оди со нив, не проколнувај ги тие луѓе; тие се благословени.« И утрината стана Валаам и им рече на кнезовите Валакови: »Вратете се при својот господар, зашто Бог не ми позволува да одам со вас.« Тогаш моавските кнезови станаа и се вратија при Валак, и му рекоа: »Валаам не сакаше да дојде со нас.« И Валак пак реши да испрати кнезови, повеќе и со поголема чест од првите. И тие дојдоа при Валаама и му рекоа: »Вака вели Валак, синот Сепфоров: те молам не задоцнувај да дојдеш при мене; ќе ти укажам големи почести и ќе направам за тебе си, што ќе ми кажеш; па дојди и проколни ги тие луѓе.« Валаам одговори и им кажа на кнезовите Валакови: »Да ми ја дадеше Валак и куќата своја, полна со злато и сребро, не можам да ја прекршам заповедта на Господа Бога, и да извршам нешто мало или големо по своја волја; но сепак, останете и вие тука, оваа ноќ и јас ќе разберам, што уште ќе ми каже Господ.« И дојде ноќта Бог при Валаама и му рече: »Ако овие луѓе дошле да те викаат, стани, оди со нив; но прави го само она, што ќе ти го речам Јас.« Утрината Валаам стана, ја оседла ослицата своја и тргна со моавските кнезови. И се разгневи јароста Божја, затоа што тргна тој, и застана Ангел Господов на патот, за да му попречи. Тој јаваше на ослицата своја, а со него и двајца слуги негови. И ослицата го виде Ангелот Господов, застанат на патот со извлечен меч во раката, па скршна од патот и тргна по полето, а Валаам почна да ја бие ослицата со својот жезал за да се врати на патот. И застана Ангелот Господов на еден тесен пат меѓу лозјата, оградени и од едната и од другата страна. Ослицата кога го виде Ангелот Господов, тргна кон оградата и ја притисна ногата на Валаама; и тој пак почна да ја бие. Но Ангелот Господов пак се тргна и застана на тесно место, каде што немаше каде да се скршне ни надесно, ниту налево. Ослицата, кога го виде Ангелот Господов, легна под Валаама. И се разгневи Валаам и пак почна да ја бие ослицата со жезалот. Тогаш ја одврза Бог устата на ослицата и тој му рече на Валаама: »Што ти направив, та ме биеш еве веќе третпат?« Валаам ѝ рече на ослицата: »Затоа што се подигра со мене; да имав во раката меч, сега ќе те прободев.« А ослицата му рече на Валаама: »Не ли сум јас твојата ослица, која ти ја јаваш од младоста твоја до денес? Сум ти правела ли вака досега?« Тој одговори: »Не«. И му ги отвори Господ очите на Валаама, и тој го виде Ангелот Господов, застанат на патот со извлечен меч во раката, се поклони и падна ничкум. И му рече Ангелот Господов: »Зошто ја биеш ослицата еве веќе трипати? Јас излегов да ти го попречам патот, зашто патот твој не Ми е по волја! и ослицата, кога ќе ме видеше, скршнуваше од мене еве веќе три пати; ако не скршнуваше од мене, ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива.« И му рече Валаам на Ангелот Господов: »Згрешив, бидејќи не знаев, дека Ти стоиш на патот пред мене; и сега, ако тоа Ти е неугодно, јас ќе се вратам.« И му рече Ангелот Божји на Валаама: »оди со овие луѓе; зборувај го само она што Јас ќе ти го кажувам.« И отиде Валаам со Валаковите кнезови. Валак, кога чу, дека доаѓа Валаам, излезе да го пречека во моавскиот град, кој е во Арнонските предели, при самиот крај. И му рече Валак на Валаама: »нели испратив јас при тебе да те викаат, зошто не дојде при мене? Или зар не можам да ти укажам почести?« И му рече Валаам на Валака: »ете, јас дојдов при тебе, но можам ли да кажам нешто од себеси? Она што Бог го вложува во устата моја тоа и ќе го кажам.« И тргна Валаам со Валака, и влегоа во градските куќи. И закла Валак телиња и овци и му испрати на Валаама и на кнезовите, кои беа со него. А утрината Валак го зеде Валаама и го качи на Вааловите ѕидини, за да види оттаму еден дел од народот. Тогаш Валаам му рече на Валака: »Изгради ми овде седум жртвеници и приготви ми седум телиња и седум овни.« Валак направи така, како што рече Валаам; и принесоа Валак и Валаам по едно теле и по еден овен на секој жртвеник. И му рече Валаам на Валака: »Застани при својата сепаленица, а јас ќе појдам, можеби ќе се јави Господ пред мене, и што ќе ми открие, ќе ти кажам.« И остана Валак при сепаленицата своја, а Валаам отиде на другата страна за да Го праша Бога. И му се јави Бог на Валаама, и Валаам Му рече: »Јас подигнав седум жртвеници и принесов по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.« И му вложи Господ збор во устата на Валаама и рече: »Врати се при Валака и речи вака.« И се врати при него, а тој стоеше при својата сепаленица, тој и сите моавски кнезови. А Духот Божји беше врз него. И ги прими овие зборови, па рече: »Од Месопотамија, од источните планини, ми рече Валак, моавскиот цар: дојди, проколни ми го Јакова, и дојди, проколни ми го Израилот! Како ќе проколнам? Бог не го проколнува. Што лошо ќе речам, кога Господ не злословува. Од врвот на гората го гледам, од ридовите го гледам: ете народ кој живее одделно и не се вбројува меѓу народите. Кој ќе го изброи семето на Јакова и кој ќе го пресмета бројот на народот Израилев. Да умре душата моја, како што умираат праведниците, и крајот мој да биде како нивниот!« И му рече Валак на Валаама: »Што ми направи? Јас те повикав да ги проколнеш непријателите мои, а пак ти, ете, ги благословуваш со благослов.« Тој одговори и рече: »Не требаше ли да го кажам токму она, што Господ го вложи во устата моја?« И Валак му рече: »Дојди со мене на друго место, од каде што ќе видиш, но само дел од него ќе видиш, а нема целиот да го видиш; и проколни ми го оттаму.« И го одведе до границата на полето на врвот на една карпа, и изгради таму седум жртвеници, и принесе по едно теле и по еден овен на секој жртвеник. И му рече Валаам на Валака: »Стој тука при сепаленицата своја, јас пак, ќе одам понатаму за да Го прашам Бога.« И го сретна Бог Валаама, и му вложи слово во устата негова, па рече: »Врати се при Валака и кажи му така.« И се врати при него, а тој стоеше при својата сепаленица, а заедно со него и сите моавски кнезови. И му рече Валак: »Што вели Господ?« Тој го започна своето кажување и рече: »Стани Валако, слушај и внимавај, сине Сепфоров! Бог не е човек, та да се колеба, ниту е син човечки, па да се изменува. Што ќе каже, па да не го изврши, или што ќе рече, па да не биде така? Ете, доведен сум да благословувам: ќе благословувам, и никако инаку. Не се гледа мака во Јакова, и не се забележува ни болест кај Израилот; Господ Бог е со него, и тој има слава царска. Бог го изведе од Египет: тој е брз како еднорог: нема гатање кај Јакова, нема маѓепсништво кај Израилот; некогаш ќе речат за Јакова и за Израилот: ете, што направи Бог! Ете, еден народ се подигна како лавица и се исправи како лав; нема да легне, додека не го изеде пленот свој и додека не се напие од крвта на победените.« И му рече Валак на Валаама: »Ни со клетва не го проколнувај, ни со благослов не го благословувај.« И одговори Валаам и му рече на Валака: »Не ли ти реков што ќе рече Господ, тоа и ќе го изврши.« И му рече Валак на Валаама: »Дојди, ќе те одведам на друго место; ќе Му биде секако угодно на Бога, и оттаму ќе ми го проколнеш.« И го поведе Валак Валаама на врвот од Фагор, што се протега спрема пустињата. И му рече Валаам на Валака: »Изгради ми овде седум жртвеници и приготви ми седум телиња и седум овни.« И Валак направи, како што рече Валаам, и принесе по едно теле и по еден овен на секој жртвеник. Валаам виде дека на Господ Му е пријатно да го благословува Израилот и не отиде во пресрет како порано, за да претскажува, а го сврти лицето кон пустињата. Погледна Валаам и го виде Израилот, како се беше сместил со племињата свои, а Духот Божји беше на него. И започнувајќи ја својата беседа, рече: »Валаам, синот Веоров, говори тој што ја гледа вистината. Зборува оној, кој ги слуша зборовите на Семоќниот; бидејќи видение Божјо виде во сон, и тоа му ги отвори очите. Колку се убави домовите твои, Јакове, и живеалиштата твои, о Израиле! Тие се распростираат како дубрави со сенки, како градини крај река, како куќи што ги изградил Господ, како кедри крај води; од семето негово ќе излезе човек, и ќе завладее многу народи, и царството негово ќе со возвиси погоре од царството на Гога, и ќе се преувеличи. Бог го изведе од Египет; тој е брз како еднорог, ќе ги голтне непријателски расположените народи спрема него, ќе им ги скрши коските нивни и со стрелите свои ќе го порази непријателот. Легнал тој како лав и како лавче; кој ќе го разбуди? Благословен да биде, оној што те благословува и проклет – оној што те проколнува!« Се разгневи Валак против Валаама, и плесна тој со рацете свои, па му рече на Валаама: »Јас те повикав да ги проколнеш непријателите мои, а ти ги благословуваш еве веќе по третпат; бегај, пак, во земјата своја; јас сакав да ти искажам почит, но, ете, Господ те лишува од почестите.« И му рече Валаам на Валака: »Не ли им реков на твоите пратеници што ми ги испрати: ‚Да ми ја дадеше Валак и куќата своја, полна со сребро и злато, не би можел да ја прекршам заповедта Господова, за да направам нешто добро или лошо по своја волја: она што ќе ми рече Господ, тоа и ќе го кажувам?‘ И така, ете, јас си одам во своето место, но приближи се, за да ти кажам и да те посоветувам што ќе направи во последните дни овој народ со твојот народ.« И го раскажа видението свое, велејќи: »Валаам, синот Веоров, зборува човек со отворени очи, го зборува оној, што ги пази зборовите Божји, кој доби знаење од Севишниот, и откако виде видение Божјо во сон, очите му се отворија. Ќе му покажам, но не сега уште, го сакам но не одблиску. Изгрева ѕвезда од Јакова, и се издига довек од Израилот; тој ќе ги поразува кнезовите моавски и ќе ги заробува сите Ситови синови. И Едом ќе биде негово наследство, Сеир ќе завладее над непријателите свои, а Израил ќе ја покаже силата своја. Произлезениот од Јакова ќе завладее и ќе ги погуби преживеаните од градот.« И го виде тој Амалика, и ја раскажа таа своја приказна, велејќи: Амалик е прв меѓу народите, но семето негово ќе се затре. И го виде и Кенеон, и пророкува, велејќи: »Силно е твоето живеалиште, на камен си го свил своето гнездо, иако му е на Веор тоа гнездо на сплетки, Асирците ќе те заробат.« И кога го виде Ога, пак пророкува, и рече: »Тешко, тешко, кој ќе остане жив, кога Бог ќе го направи тоа. Ќе ги изведат од рацете Китиски, ќе го озлобат Асура, ќе го озлобат и Евера, но и самите ќе се уништат.« И стана Валаам и се врати во местото свое, а исто така и Валак отиде по патот свој. Израил живееше во Ситим и народот почна преку блуд да се осквернува со ќерките на Моав; и ги покануваа тие да принесуваат жртва на идолите нивни, и народот ги јадеше жртвите нивни и им се клањаше на боговите нивни. И му се поклони Израилот на Ваал-Фегор. И се разгори гневот Господов против Израилот. И му рече Господ на Мојсеја: »Земи ги сите началници народни и разобличи ги пред Господа спроти сонцето, и ќе се одврати јаросниот гнев Господов од Израилот.« Тогаш Мојсеј им рече на племињата Израилеви: »Секој нека ги убие своите луѓе, што му служат на Ваал-Фегор.« И ете, еден од синовите Израилеви дојде и доведе при братот свој една Мадијамка, пред очите на Мојсеја, и пред очите на целото општество на синовите Израилеви, кога тие плачеа при влезот од скинијата на сведоштвото. Финес, синот на Елеазара, син на свештеникот Арон, кога го виде тоа, стана среде општеството и зеде во раката копје, и влезе по Израилецот во блудилиштето и ги прободе и обајцата: Израилецот и жената во утробата нејзина; и престана поморот на синовите Израилеви. А умрените од помор беа дваесет и четири илјади. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Финес, синот на Елеазара, син на свештеникот Арон, ја одврати јароста Моја од синовите Израилеви, покажувајќи меѓу нив ревност за Мене, и Јас не ги истребив синовите Израилеви во ревноста Своја. Така кажи им: ‚ете, Јас му давам мирен завет; и тој ќе биде за него и за потомството негово по него завет на вечно свештенство, затоа што покажа ревност за својот Бог и Го омилостиви за синовите Израилеви.‘« Името на убиениот Израилец, кој беше убиен со Мадијамката, е Замври, син на Сало, началник на Симеоновото поколение; а името на убиената Мадијамка е Хазва; таа беше ќерка на Сура, началник на Мадијамското племе Омот. Пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Сметајте ги за непријатели Мадијамците и поразувајте ги, зашто тие со подмолноста своја постапуваа непријателски спрема вас, соблазнувајќи ве со Фегора и со Хазва, ќерката на мадијамскиот началник, нивна сестра, убиена во денот на поморот поради Фегор.« По тој пораз Господ му рече на Мојсеја и на свештеникот Елеазар, син Аронов, велејќи: »Преброј те го целото општество на синовите Израилеви од дваесет години нагоре, според домовите нивни, сите способни за војување во Израилот.« И им рече Мојсеј и свештеникот Елеазар во Аравот моавски кај Јордан, спроти Јордан, спроти Јерихон, велејќи: »Пребројте ги сите од дваесет години и нагоре, како што заповеда Господ, кои излегоа од Египетската земја: Рувим, Израилев првороденец. Рувимовите синови: од Енох – Енохово поколение, од Фалу – Фалуовото поколение, од Асрон – Асроновото поколение, од Харми – Хармиевото поколение; тоа се Рувимовите родови: на број тие беа четириесет и три илјади и шестототини и триесет. Фалуовите синови: Елиав, и Елиавовите синови: Намуил, Датан и Авирон. Тоа се оние Датан и Авирон, познати кај народот, кои предизвикаа смут против Мојсеја и Арона заедно со соучесниците на Кореја, кога тие предизвикаа бунт против Господа; па земјата ја отвори устата своја и ги голтна заедно со Кореја: заедно со нив умреа и соучесниците нивни, кога оган изгоре двесте и педесет човека, и тие станаа за пример; но Кореевите синови не изумреа. Симеоновите синови според поколенијата нивни: од Намуил – Намуиловото поколение, од Јамин – Јаминовото поколение, од Јахин – Јахиновото поколение, од Зара – Заровото поколение, од Саул – Сауловото поколение; тоа се Симеоновите родови при пребројувањето нивно: дваесет и две илјади и двесте. Јудиновите синови: Ир и Авнан, и Силом, Фарес и Зара, но Ир и Авнан умреа во Хананската земја; Јудините синови според поколенијата нивни беа: Силом – Силомовото поколение, од Фарес – Фаресовото поколение, од Зара – Заровото поколение. Фаресови синови беа: од Асрон – Асроновото поколение, од Јамун Јамуновото поколение; тоа се Јудините родови според пребројувањето нивно: седумдесет и шест илјади и петстотини. Исахарови синови според поколенијата нивни: од Тола – Толовото поколение, од Фува – Фувиното поколение, од Јасува – Јасувовото поколение, од Амврам – Амврамовото поколение; тоа се Исахаровите родови, според пребројувањето нивно: шеесет и четири илјади и четиристотини. Завулонови синови според поколенијата нивни: од Саред – Саредово поколение, од Алон – Алоновото поколение, од Алил – Алиловото поколение; тоа се Завулоновите поколенија, според пребројувањето нивно: шеесет илјади и петстотини. Гадови синови според поколенијата нивни: од Сафон – Сафоновото поколение, од Агин – Агиновото поколение, од Сунин – Суниновото поколение, од Азен – Азеновото поколение, од Ад – Адовото поколение, од Ароад – Ароадовото поколение, од Армал – Армаловото поколение; тоа се поколенијата на Гадовите синови, според пребројувањето нивно: четириесет илјади и петстотини. Асирови синови според поколението нивно: од Јамин – Јаминовото поколение, од Јесу – Јесуовото поколение, од Вариј – Вариевото поколение. Од Вариевите синови, од Ховер – Ховеровото поколение, од Мелхиил – Мелхииловото поколение; Името на Асировата ќерка беше Сара; Тоа се поколенијата на Асировите синови според пребројувањето нивно: четириесет и три илјади и четиристотини. Јосифови синови според поколенијата нивни: Манасија и Ефрем. Манасиеви синови: од Махир – Махирово поколение, од Махир се роди Галаад, од Галаада – Галадово поколение. Еве ги Галаадовите синови: од Ахиезер – Ахиезеровото поколение, од Хелек – Хелековото поколение, од Есриила – Есрииловото поколение, од Сухем – Сухемовото поколение, од Симаер – Симаеровото поколение, од Офер – Оферовото поколение. Салпаад, син Оферов, немаше синови, туку само ќерки; имињата на Салпаадовите ќерки беа: Мала, Нуа, Егла, Мелха и Терса; тоа се Манасиевите поколенија; а на број тие беа педесет и две илјади и седумстотини. Еве ги Ефремовите синови според поколенијата нивни: од Судал – Судаловото поколение, од Танах – Танаховото поколение; А еве ги Судаловите синови: од Еден – Еденовото поколение; тоа се поколенијата на Ефремовите синови, според пребројувањето нивно: триесет и две илјади и петстотини. Тоа се Јосифовите синови според поколенијата нивни. Венијаминовите синови според поколенијата нивни: Вал – Валовото поколение, од Асивир – Асивировото поколение, од Јахиран – Јахирановото поколение; од Софан – Софановото поколение; Валови синови беа: Адер и Ноеман: од Адер – Адеровото поколение, од Ноемана – Ноемановото поколение; тоа се Венијаминовите синови според поколенијата нивни; а на број тие беа четириесет и пет илјади и шестотини. Еве ги Дановите синови според поколенијата нивни: од Самеј – Самеовото поколение; А сите Самеови поколенија според пребројувањето нивно беа: шеесет и четири илјади и четиристотини. Нефталимови синови според поколенијата нивни: од Асил – Асиловото поколение, од Гаун – Гауновото поколение; од Јесер – Јесеровото поколение, од Селим – Селимовото поколение; тоа се Нефталимовите поколенија според пребројувањето нивно: а на број тие беа четириесет и пет илјади и четиристотини. Тоа се влезените во пребројувањето синови Израилеви: шестотини и една илјада и седумстотини и триесет.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Ним да им се подели земјата во наследство, според бројот на имињата; на помногубројните дај им поголем дел, а на помалубројните дај им помал дел: секому треба да му се даде дел сразмерно со бројот на влезените во пребројувањето; земјата треба да се подели со жреб, тие треба да добијат наследство според имињата на нивните родови; со жреб да им се поделат нивните делови помеѓу нив – како на многубројните, така и на малубројните.« Тие се Левиевите синови, што влегоа во пребројувањето според поколенијата свои: од Гирсон – Гирсоновото поколение, од Кат – Катовото поколение, од Мерари – Мерариевото поколение. Ова се Левиевите родови: Ловеновото поколение, Хевроновото поколение, Мусиновото поколение и Кореевото поколение. Од Кат се роди Амрам. Името на Амрамовата жена беше Јохавед, ќерка Левиева, која е родена од Левиевата жена во Египет, а таа му го роди на Амарма Арона, Мојсеја и Маријам, нивната сестра. На Арона му се родија Надав и Авиуд, Елеазар и Итамар; но Надав и Авиуд умреа, кога принесоа туѓ оган пред Господа во Синајската пустиња. Сите од машки пол, од еден месец и нагоре, беа преброени дваесет и три илјади; тие не беа преброени заедно со синовите Израилеви, зашто не им беше даден дел меѓу синовите Израилеви. Тоа се преброените од Мојсеја и свештеникот Елеазар, кои ги преброија синовите Израилеви во Аравот моавски кај Јордан, спроти Јерихон; меѓу нив немаше ни еден од оние, кои Мојсеј и свештеникот Арон ги преброија, кога ги пребројуваа синовите Израилеви во Синајската пустиња; зашто Господ им беше рекол: »Тие ќе изумрат во пустињата.« И никој од нив не остана, освен Јефониевиот син Халев и Навиновиот син Исус. И дојдоа ќерките на Салпаад, син на Офера, кој беше син на Галаада, а тој – син на Махир, од поколението на Манасија, син Јосифов, и еве ги имињата на ќерките негови: Мала, Нуа, Егла, Мелха и Терса; и откако застанаа пред Мојсеја, пред свештеникот Елеазар, пред кнезовите и пред целото општество, при влезот од скинијата на сведоштвото, рекоа: »Таткото наш умре во пустињата, и тој не беше меѓу соучесниците, што станаа против Господа заедно со луѓето на Кореј, туку умре поради свој грев, без синови. Зашто да се загуби името на таткото наш меѓу племето негово поради тоа што нема син? Дајте ни дел меѓу браќата на таткото наш!« И Мојсеј го изнесе прашањето нивно пред Господа. А Господ му рече на Мојсеја: »Право велат Салпаадовите ќерки; дај им наследствен дел меѓу браќата на таткото нивни и предај им го ним татковиот дел со жреб, а на синовите Израилеви јави им и кажи: ‚ако некој умре, и не остави син, предавајте го наследството негово на ќерките негови; ако, пак, тој нема ќерки, давајте го неговиот дел на браќата негови; ако нема браќа, дајте го неговиот дел на стриковците негови; ако, пак, нема ни стриковци, дајте му го неговиот дел на најблискиот роднина негов од неговото поколение да го наследи; и нека биде тоа закон за синовите Израилеви, како што му заповедал Господ на Мојсеја!‘« И му рече Господ на Мојсеја: »Излези во онаа гора, која е од онаа страна на Јодан, во гората Навав, и погледај ја земјата Хананска, која им ја давам на синовите Израилеви во владение; и откако ќе ја погледаш, прибери се и ти при народот свој, како што се прибра Арон, братот твој на планината Ор; зашто вие не ја послушавте заповедта Моја во пустињата Син, кога меѓу општеството се појави расправија, да ја покажете пред очите нивни Мојата светост при водата. Тоа се водите на расправија при Кадес, во пуситњата Син.« И Му рече Мојсеј на Господа, велејќи: »Господ, Бог на духовите и на секоја плот, нека одреди над овој народ човек, кој ќе излегува пред нив, и кој ќе влегува пред нив, кој ќе ги изведува и кој ќе ги доведува, та да не остане народот Господов како овци без пастир.« И му рече Господ на Мојсеја: »Земи го Иисуса, Навиновиот син, човек, во кого има Дух, и положи ги врз него рацете свои. Престави го пред свештеникот Елеазар и пред целото општество, нареди му и заповедај за него пред целиот народ, и дај му од славата твоја за да го слуша сиот народ на синовите Израилеви; а тој да се обрнува до свештеникот Елеазар и да се допрашува до него за решенија Господови; и според зборот негов да излегуваат и според зборот негов да влегуваат тој и сите синови Израилеви со него и целото општество.« И направи Мојсеј како што му заповеда Господ Бог, и го зеде Иисуса, па го претстави пред свештеникот Елеазар и пред целото општество; и ги положи врз него рацете свои и му даде совет, како што му заповеда Господ на Мојсеја. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Заповедај им на синовите Израилеви и кажи им: даровите Мои, лебните приноси, жртвите Мои со благопријатен мирис да Ми се принесуваат на празниците Мои. И кажи им: ете ја жртвата, која што треба да Му ја принесувате на Господа: две јагниња на ден, без недостаток, за сепаленица постојана за престап: едното јагне принесувај го наутро, а другото јагне навечер; и да принесете жртва, една десетина од ефа пченично брашно, помешано со четвртина ин чист елеј, сепаленицата е постојана жртва на Господа, каква што беше извршена при планината Синај, за благопријатен мирис, и кон неа да има за прелив четврт ин за едното јагне; на свето место извршувај го со вино преливот на Господа. Другото јагне принесувај го навечер, со таков лебен принос како утрината, со жртва и прелив за него принесувај го за пријатна благоугодност на Господа. А во саботен ден принесувајте по две јагниња без недостаток, и две десетти од ефа пченично брашно, поднесено со елеј, како и прелив; и тоа е саботна сепаленица за секоја сабота, освен постојаната сепаленица и преливот за неа. и при млад месец принесувајте Му на Господа сепаленици: од говедата две телиња, еден овен и седум јагниња без недостаток, и три десетти од ефа пченично брашно поднесено со елеј, принос со телето, и две десетти од ефа пченично брашно, принесено со елеј, принос со овенот, и по една десетта од ефа пченично брашно, поднесена со елеј, принос за секое јагне: тоа е сепаленица, благопријатна жртва на Господа; а преливот за нив треба да биде половина ин вино за телето, една третина од ин за овенот и една четвртина ин за јагнето; тоа е сепаленица за секое новомесечје во текот на сите месеци на годината. Принесувајте Му на Господа секогаш и по еден козел од козите ваши – жртви за грев; него треба да го принесувате заедно со преливот за него. Во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот, е Пасха Господова. А на петнаесеттиот ден од тој месец е празник; седум дена треба да се јадат бесквасни лебови. Првиот ден да ви биде особено свет, никаква работа не вршете; и принесете сепаленица, жртва на Господа: две телиња од говедата, еден овен и седум едногодишни јагниња; тие да се без недостаток; а и принос кон нив пченично брашно, поднесено со елеј, тие десетини од ефа за секое теле, и две десетини од ефа за овенот, и по една десетина ефа принесувајте за секое од седумте јагниња, и еден козел од козите – жртва за грев, за да се помолат за вас; принесувајте го тоа, освен утринската сепаленица, која е постојана жртва. Така правете секој ден во седумте дена; тоа е дар, принос благопријатен за Господа; при редовната сепаленица и прелив за неа. И седмиот ден треба да ви биде особено свет; никаква работа не вршете. И денот на првите плодови, кога Му принесувате на Господа нова жртва во вашите седмици, треба да ви биде особено свет; никаква работа не вршете; и принесете сепаленици за благопријатен мирис на Господа: од говедата две телиња, еден овен и седум едногодишни јагниња, без недостаток, а заедно со нив и принос од пченично брашно, поднесено со елеј, три десетини од ефа за секое теле, две десетини од ефа за овен, и по една десетина од ефа за секое од седумте јагниња; и еден козел од козите – жртва поради грев, за да се помолат за вас. Пронесувајте ми ги овие жртви со вино за прелив, освен постојаните сепаленици со приносите; тие треба да бидат без недостаток.« »Во седмиот месец, првиот ден од месецот, треба да ви биде особено свет; никаква работа не вршете; тоа да ви биде ден на трубни знаци; и принесете сепаленица за благопријатен мирис на Господа: едно теле од говедата, еден овен, седум едногодишни јагниња, без надостаток; а заедно со нив и жртва од пченично брашно, поднесено со елеј, три десетини од ефа за телето, две десетини од ефа за овенот, една десетина од ефа за секое од седумте јагниња, и еден козел од козите како жртва за грев, за да се палат за вас. Освен новомесечните сепаленици и приносите за нив, и преливите нивни, и секогашните сепаленици со нивните приноси и преливи според наредбите, треба да бидат со благопријатен мирис за Господа. И десеттиот ден од тој седми месец треба да ви биде посебно свет: смирувајте ги душите свои и никаква работа не вршете; а принесете сепаленици за благопријатен мирис на Господа: едно теле, еден овен, седум едногодишни јагниња; тие треба да бидат без недостаток; и заедно со нив и принос од пченично брашно, поднесено со елеј, три десетини од ефа за теле, две десетини од ефа за овен, и по една десетина од ефа за секое од седумте јагниња, како и еден козел од козите – жртва за грев, за да се помолат за вас, освен жртвите за грев, што се принесуваат во денот на очистувањето, и освен постојаните сепаленици и приносите со нив и преливите за нив, што се принесуваат според наредбите, и жртва на Господа со благопријатен мирис. И петнаесеттиот ден од седмиот месец треба да ви биде особено свет: никаква работа не вршете и празнувајте го тој празник Господов седум дена: и принесете сепаленица, жртва за благопријатен мирис на Господа: во првиот ден тринаесет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња; тие треба да бидат без недостаток; И жртва од пченично брашно, претставена со елеј, три десетини од ефа за секое од тринесетте телиња, две десетини од ефа за секој овен, по една десетина од ефа за секое едно од четиринаесет јагниња и еден козел од козите жртва за грев, освен постојаната сепаленица принос како и прелив за неа. А на вториот ден принесете: дванаесет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток, и со нив уште и принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите; исто така и козел еден од козите – жртва за грев, освен постојаната сепаленица со приносот и прелив за нив. На третиот ден, пак, принесете: единаесет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток, а со нив принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите; исто така и еден козел од козите жртва за грев, покрај постојаната сепаленица со приносот и прелив за неа. На четвртиот ден принесете: десет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток, со нив и принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите, а покрај тоа и еден козел – жртва за грев, освен постојаната сепаленица и приносот и преливот за неа. И на петтиот ден принесете жртва: девет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток, и со нив донесете уште и принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите, а и козел еден – жртва за грев, покрај постојаната сепаленица и приносот, уште и прелив за неа. И на шестиот ден пак, принесете: осум телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток, а со нив и принос како и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите; а исто така и еден козел од козите – жртва за грев, покрај постојаната сепаленица и принос и уште и прелив за неа. Во седмиот ден принесете: седум телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток, и со нив уште принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите, а и козел еден како жртва за грев, освен постојаната сепаленица и принос како и прелив за неа. Во осмиот ден е крај на празникот: никаква работа не вршите; а принесете сепаленица, жртва со пријатен мирис на Господа: едно теле, еден овен, седум едногодишни јагниња без недостаток, и заедно со нив принос и прелив за телето, за овенот и за јагнињата, според бројот нивни според наредбите; освен тоа уште и еден козел – жртва за грев, покрај постојаната сепаленица, приносот и преливот за неа. Принесувајте го тоа на Господа на вашите празници, освен заветите ваши и благодарностите ваши, и сепалениците ваши и жртвите ваши уште и жртви за спасението ваше.« И им кажа Мојсеј на синовите Израилеви си, што му беше заповедал Господ. И им зборуваше Мојсеј на началниците од племињата на синовите Израилеви, велејќи: »Еве што заповеда Господ: ако некој Му вети нешто на Господа, или се заколне со клетва, или ја заложи душата своја, да не го оскверни зборот свој, туку да изврши си, што излегло од устата негова. Ако жена се заветува на Господа и си се зарече во татковата си куќа, во млади години, а таткото нејзин го чуе заветот и зарекувањето нејзино, што го наложила на душата своја, па го премолчи таткото нејзин тоа, тогаш сите нејзини ветувања, и секое нејзино зарекување, што си го наложила на душата своја, да ги исполни; ако таткото нејзин, кога ќе чуе, па и забрани, тогаш сите најзини завети, што си ги наложила на душата своја, да не се исполнуваат, и Господ ќе и прости, бидејќи таткото и ги забранил. Ако се омажи, пак е обврзана со завет, или со збор, излезен од устата нејзина, со која таа се обврзала, и чуе мажот нејзин, па, откако ќе чуе и он ги наложи на душата своја, исто така да се исполни; ако мажот нејзин, кога ќе ги чуе, и забрани и го отфрли заветот нејзин, што го дала, и зборот, излезен од устата нејзина, со кој таа се обврзала, тие да не се исполнат, бидејќи мажот и забранил и Господ ќе и прости. А заветот на вдовица и разведена, каков и да било зарек да си наложила на душата своја, да се исполни. Ако жена се заветувала во куќата на мажот свој, или со клетва си наложила на душата своја зарек, и мажот нејзин ја чул, а премолчал и не и го забранил, тогаш сите завети нејзини да се исполнат, и секое зарекување, што го наложила на душата своја, да се исполни; ако, пак, мажот нејзин, откако ги чул, ги отфрлил, тогаш сите завети нејзини, излезени од устата нејзина, и зарекување на душата нејзина, да не се исполнат; мажот нејзин ги уништил, и Господ ќе и прости. Секој нејзин завет и секоја клетва нејзина за смирување на душата своја, мажот нејзин може да го потврди, и мажот нејзин може да го отфрли. Ако мажот нејзин молчел одден наден, тој со тоа ги потврдил сите ветувања нејзини и сите зарекувања нејзини, со кои се обврзала, ги потврдил, зашто, откако ги чул, молчел за тоа; ако, пак, мажот ги отфрлил, откако ги чул, тој го примил врз себе гревот нејзин.« Тоа се наредбите, кои Господ му ги заповеда на Мојсеја за односите меѓу мажот и жената негова, меѓу таткото и ќерката негова во млади години, во куќата на таткото свој. И му рече Господ на Мојсеја велејќи: »Одмазди им се на Мадијамците поради синовите Израилеви, и потоа ќе се прибереш при народот свој.« И му рече Мојсеј на народот велејќи: »Вооружете меѓу вас луѓе за војна, за да тргнат против Мадијамците, да извршат одмазда Господова над нив; испратете во војна по илјада од племе, од сите племиња на синовите Израилеви.« И од илјадниците Израилеви беа одделени по илјада од секое племе, вкупно дванаесет илјади вооружени за војна. И ги испрати Мојсеј во војна, по илјада од секое племе, нив и Финес, синот на свештеникот Елеазар, Аронов син, со светите сосуди и со труби за тревога в рака. И отидоа во војна против Мадијам, како што му заповеда Господ на Мојсеја, и ги убија сите од машки пол; а заедно со убиените од нив ги убија и мадијамските цареви; го убија со меч и Валаам, Веоровиот син заедно со нивните убиени. Мадијамските, пак, жени и децата нивни синовите Израилеви ги зедоа во плен; и сиот нивни добиток, и сите стада нивни, и целиот имот нивни го заграбија; сите градови нивни во нивно владение и сите села нивни со оган ги изгореа. И го зедоа сето заграбено, од човек до добиток. И заробените, и ограбеното и заграбеното му го донесоа на Мојсеј, пред свештеникот Елеазар и пред општеството на синовите Израилеви, при населбата во Аравот Моавски, кај Јордан, спроти Јерихон. Тогаш Мојсеј и свештеникот Елеазар и сите кнезови на општеството излегоа надвор од населбата за да ги пречекаат. И се разгневи Мојсеј на воените началници, илјадниците и стотниците, што се беа вратиле од војната, па им рече: »Зошто ги оставивте живи сите жени? ете тие, по советот на Валаама, беа станале причина синовите Израилеви да отстапат и да ги презрат наредбите од Господа, заради Фегор, затоа и дојде оној пораз врз народот Господов. А сега, убијте ги сите деца од машки пол, убијте ги и сите жени, што познале маж на машко легло; а сите деца од женски пол, кои не познаел машко легло, оставете ги живи за себеси. И останете надвор од населбата седум дена; сите, што убиле човек и што се допреле до убиен, очистете се на третиот ден, вие и вашите заробеници; очистете ја и сета облека, сите кожени предмети, си што е направено од козина, и сите дрвени садови.« Потоа им рече свештеникот Елеазар на војниците, што беа отишле во војна: »Еве ги наредбите на законот, кои Господ му ги заповеда на Мојсеја: злато, сребро, бакар, железо, калај и олово, и си што минува низ оган, поминете го низ оган, за да се очисти, а освен тоа, тоа треба да се очисти и со очистителна вода; а си, што не минува низ оган, поминете го низ вода; и облеката исперете ја на седмиот ден, и очистете се, и потоа влезете во населбата.« И му рече Господ На Мојсеја, велејќи: »Преброј го заграбеното, од човек до добиоток, ти и свештеникот Елеазар и началниците од племињата на општеството; и раздели го ограбеното по половина, на оние што војуваа, што одеа во борба, и меѓу целото општество. А од војниците, што беа во војна, земи данок за Господа, од душа петстотини, од луѓе и од говеда, и од овците и од ослите; земи го тоа од нивната половина и дај му го на свештеникот Елеазар за вознесување пред Господа. А од половината, определена за синовите Израилеви, земи по педесет на човек, од луѓето, од говедата, од овците и ослите, и од сите други животни, и дај им го тоа на левитите што служат при скинијата Господова.« И направи Мојсеј и свештеникот Елеазар, како што му заповеда Господ на Мојсеја. И пленот, што остана од грабежот, што го заграбија оние, кои беа отишле во војна, беше: овци шестотини седумдесет и пет илјади, говеда седумдесет и две илјади, осли шеесет и една илјада, луѓе – жени, кои не познале машко легло, сите беа триесет и две илјади души. Половината, делот на оние, што беа отишле да се борат, според пребројувањето, беше: овци триста триесет и седум илјади и петстотини, говеда триста и седум илјади и петстотини. На Господа од овците Му се даде шестотини седумдесет и пет; говеда триесет и шест илјади, и од тоа дар за Господа седумдесет и два; осли триесет илјади и петстотини, а дел од нив за Господа шеесет и еден; луѓе шеснаесет илјади, и данок од нив за Господа беше триесет и две души. И му го даде Мојсеј дарот за вознесување пред Господа, на свештеникот Елеазар, како што му заповеда Господ на Мојсеја. И од половината, определена за синовите Израилеви, што ја оддели Мојсеј од оние кои беа отишле во војната, – а половината како дел на општеството беше: овци триста и триесет и седум илјади и петстотини, говеда триесет и шест илјади, осли триесет и пет илјади и петстотини, луѓе шеснаесет илјади. Од таа половина, определена за синовите Израилеви, Мојсеј зеде педесетти дел од луѓето и од добитокот и им го даде тоа на левитите, што служеа при скинијата Господова, како што му заповеда Господ на Мојсеја. И дојдоа при Мојсеја начлниците над илјадите од војската, илјадниците од стотниците, и му рекоа на Мојсеја: »Твоите слуги ги преброија војниците, што ни се доверени, и ниеден од нив не умрел. Еве, Му донесовме принос на Господа кој што нашол – златни предмети, алки, гривни, прстења, обетки и веришки, за да се помолат за нас пред Господа.« И го зеде од нив Мојсеј и свештеникот Елеазар златото од сите тие изработки. И сето злато, донесено од илјадниците и стотниците за вознесување пред Господа, беше шеснаесети илјади и седумстотини и педесет сикли. Војниците беа грабала секој за себеси. И го зеде Мојсеј и свештеникот Елеазар, златото од илјадниците и стотниците и го внесоа во скинијата на сведоштвото за спомен на синовите Израилеви пред Господа. Рувимовите синови и Гадовите синови имаа многу добиток; и тие видоа, дека земјата Јазир и земјата Галад се места за стада. И Гадовите синови и Рувимовите синови дојдоа и му кажаа на Мојсеја и на свештеникот Елеазар и на кнезовите народни, велејќи: »Атарот и Девон, Јазир и Намра, Есевон и Елеали, Севам, Невив и Веан, – земјата, која Господ им ја предаде на синовите Израилеви, е земја за одгледување стада, а твоите слуги имаат стада. – И рекоа – ако сме нашле благословение пред тебе, дај им ја таа земја на слугите твои во владение; не ни преведувај преку Јордан.« И им рече Мојсеј на Гадовите синови и на Рувимовите синови: »Браќата ваши ќе отидат во војна, а вие туке ли ќе останете? Зошто го одвраќате срцето на синовите Израилеви да одат во земјата што Господ им ја дава? Не направија ли така татковците ваши, кога ги испраќав од Кадис-Варни да ја видат земјата. Тие отидоа до долината на лозјата и ја видоа земјата, и го одвратија срцето на синовите Израилеви, за да не отидат во земјата, која Господ им ја дава; и во оној ден се разгори гневот на Господа и Он се заколна, велејќи: ‚И тие луѓе, што излегоа од Египет, од дваесет години и нагоре, кои знаат што е добро и што е зло, нема да ја видат земјата, за која му се бев заколнал на Авраама, Исака и Јакова, зашто тие не Ме послушаа,‘ освен Халев, синот на Јефонија, и Исус, синот Навинов, зашто тие Го послушаа Господа; и се разгори гневот на Господа против Израилот, и Он ги водеше по пустињата четириесет години; додека не се сотре целиот род, кој беше направил зло пред Господа. И ете, наместо татковците ваши, востанавте вие, изроди од грешници, за да ја зголемите уште повеќе јароста Господова против Израилот. Ако се одвратите од Него, Он пак ќе го остави Израилот во пустињата, и вие ќе го погубите сиот овој народ.« И тие се приближија до него и рекоа: »Ќе направиме тука кошари за стадата наши и градови за децата наши; а самите ние први ќе се вооружиме и ќе одиме пред синовите Изрилеви, додека не го одведеме до местата нивни; добитокот наш нека остане во утврдени градови, за да биде во безопасност од месните жители; нема да се вратиме во домовите наши си додека не стапат синовите Израилеви секој на својот дел; зашто нема да земеме заедно со нив дел од онаа страна на Јордан и понатаму, бидејќи со жреб ни се даде оваа страна на Јордан, кон исток.« Тогаш Мојсеј им рече: »Ако го направите тоа, ако отидете вооружени во војна пред Господа, и секој од вас вооружен го мине Јордан пред Господа, додека не ги истреби Он пред Себе Своите непријатели, и земјата ќе биде покорена пред Господа, тогаш потоа ќе се вратите и нема да бидете виновни пред Господа и пред Израилот, и ќе ја владеете оваа земја пред Господа. Но ако не постапите така, ќе згрешите пред Господа и за гревот свој ќе претрпите казна, што ќе ве стигне. Изградете градови на имотите ваши и огради за добиток ваш, и извршете го она, што го кажавте со устата своја!« Тогаш Гадовите синови и Рувимовите синови му рекоа на Мојсеја: »Слугите твои ќе направат така, како што заповедал Господ наш; децата, пак, наши, жените наши, и сиот наш добиток нека останат тука во градовите на Галад, а слугите твои, сите вооружени и подготвени како војници, пред Господа ќе појдат во војна, како што вели Господ.« И Мојсеј му заповеда на свештеникот Елеазар и на Иисуса, Навинов син, и на началниците над племињата на синовите Израилеви, и им рече: »Ако Гадовите синови и Рувимовите синови го преминат заедно со вас Јордан, сите вооружени и подготвени за војување пред Господа, и ја завладеат земјата пред вас, дајте им ја да ја владеат земјата Галад. Ако пак не тргнат заедно со вас вооружени и подготвени за војна пред Господа, тогаш испретете ги пред вас имотите нивни жените нивни и добитокот нивни во Хананската земја, и нека ја наследат заедно со вас земјата Хананска.« Тогаш Гадовите синови и Рувимовите синови одговорија и рекоа: »Како што ни заповеда Гопсод, на слугите негови, така и ќе направиме; ние ќе тргнеме вооружени пред Господа за Хананската земја, а дајте ни ја во владение наше оваа страна на Јордан.« И им го даде Мојсеј – на Гадовите синови и на Рувимовите синови и половината од племето Манасиево, и на синовите Јосифови – царството на Сион, аморејски цар, и царството на Ог, васански цар, земјата со градовите нејзини и околностите нивни, – градовите на земјата наоколу. И Гадовите синови го изградија Дивон, Атарот и Ароир, и Софан, и Јазир и ги утврдија; и Амрам и Вегран, градови утврдени, и огради за овци. А Рувимовите синови ги изградија Есевон, Елеали, Каријатаим, И Невон, и Веелиеон, чии имиња беа изменети, и Севма, и им дадоа имиња на градовите, што ги изградија. И отиде Ур, синот Махиров, Манасиев внук, во Галад, и го презедоа и ги порази Аморејците, што живееја таму. Јаир, пак, синот Манасиев, отиде и ги презеде селата нивни и ги нарече Јаирови села. И му го даде Мојсеј Галад на Манасиевиот син Махир, и тој се насели таму. А Навав отиде и го зазеде Кага и потчинетите му градови, и го нарече според името свое: Навав. Ете тоа се населбите на синовите Израилеви, што излегоа од Египетската земја според својот состав, под водството на Мојсеја и Арона. По заповедта на Господа Мојсеј го опиша нивните патувања и престојувањата нивни, и еве ги престоите на нивното патување. Од Рамзес тие тргнаа во првиот месец, на петнаесеттиот ден од првиот месец, – утрината по Пасха излегоа синовите Израилеви под висока рака пред очите на сите Египтјани; а во тоа време Египтјаните ги погребуваа сите првородени, што ги порази Господ меѓу нив, и над боговите нивни Господ беше извршил суд. Така тргнаа синовите Израилеви од Рамзес и се сместија во Сокхот. Потоа појдоа од Сокхот и се сместија во Вутан, кој е дел од пустињата. Се кренаа од Вутан, и се упатија при изворот Ирот, кој е спроти Веелсепфан, и се сместја спрема Мигдол. Откога тргнаа од Ирот, минаа преку морето во пустињата, и патуваа три дена по пустињата, и се сместија во Мера. И се кренаа од Мера, пристигнаа во Елим; а во Елим имаше дванаесет водни извори и седумдесет финикови дрвја, и таму се сместија до водите. Потоа појдоа од Елим и се сместија крај Црвеното Море. И тргнаа од Црвено Море и се сместија во пустињата Син. Па се кренаа од пустињата Син и се сместија во Рафак. Од Рафак заминаа и дојдоа во Елус. Тргнаа од Елус и се сместија во Рафидин, а таму немаше вода да пие народот. Појдоа од Рафидин и се сместија во Синајската пустиња. Заминаа од Синајската пустиња и се сместија покрај гробовите на страстите. Тргнаа од гробовите на страстите и се сместија во стан на Асирот. Од Асирот појдоа и се сместија во Ратам. Потоа се кренаа од Ратам и се сместија во Ремнон-Фарес. Појдоа од Ремнон-Фарес и се сместија во Лемнон. Од Лемнон заминаа и се сместија во Ресан. Тргнаа од Ресан и се сместија во Макелата. Се кренаа од Макелата и се сместија во Арсафат. Тргнаа од планината Арсафат и се сместија во Харад. Тргнаа од Харад и се сместија во Макидад. Од Макидад се кренаа и се сместија во Катад. Тргнаа од Катад и се сместија во Тарад. Појдоа од Тарад и се сместија во Мадек. Заминаа од Мадек и се сместија во Аселнон. Од Аселнон тргнаа и се сместија во Масурут. Тргнаа од Масурут и се сместија во Банакан. Заминаа од Банакан и се сместија во гората Гадад. Се кренаа од гората Гадат и се сместија во Етеват. Појдоа од Етеват и се сместија во Еврон. Тргнаа од Еврон и се сместија во Гесион-Гавер. Од Гесион-Гавер тргнаа и се сместија на стан во пустињата Син, па се кренаа од пустињата Син, и се сместија во пустињата Фаран, која е и Кадес. Појдоа од Кадес и се сместија во планината Ор, близу до земјата Едомска. Тогаш по заповед на Господа свештеникот Арон се искачи на планината Ор и умре таму на четириесеттата година по излегувањето на синовите Израилеви од Египетската земја, во петтиот месец, на првиот ден од месецот; Арон имаше сто и дваесет и три години кога умре на планината Ор. Тогаш царот на Арад, еден од хананските цареви, кој живееше на југ во Хананската земја, чу, дека идат синовите Израилеви. И тие тргнаа од планината Ор и се сместија во Селмон. Појдоа од Селмон и се сместија во Финон. Се кренаа од Финон и се сместија во Овот. Потоа заминаа од Овот и се сместија во Гај, од спротива на пределите Моавски. Тргнаа од Гај и се сместија во Девон-Гад. Појдоа од Девон-Гад и се сместија во Гелмон-Девлатаим. Се кренаа од Гелмон-Девлатаим и се сместија во Аваримската гора спроти Навав. Тргнаа од Аваримската планина и се сместија во западен Моав, крај Јордан, спроти Јерихон; и се кренаа од западен Моав, па се сместија во Јордан меѓу Есимот и Велсатим во западен Моав. Тогаш му рече Господ на Мојсеја во западен Моав, во Јордан кај Јерихон, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви и речи им: кога ќе минете од оваа страна на Јордан во Хананската земја, погубете ги од пред себе сите жители на оваа земја, разрушете ги сите нивни храмови и сите излеани идоли, разрушете ги и сите нивни жртвеници, разорете ги; погубете си живо во таа земја и завладејте ја и населете се во неа, зашто Јас ви ја давам таа земја да ја владеете; и поделете ја земјата со жреб на делови меѓу вашите племиња: на многубројните дајте им поголем дел, а на малубројните дајте им помал дел; како кому ќе му се падне жребот, таму да му биде и делот; земете си делови според родовите на таткоците ваши. Ако, пак, не ги поразите од пред себе жителите на земјата, тогаш оние што ќе останат, ќе бидат трн во очите ваши и бодила во слабините ваши и ќе ве притеснуваат во земјата каде што ќе живеете, и тогаш, она што мислев да им го направам ним, ќе ви го направам вам.« Му рече Господ на Мојсеј, велејќи: »Заповедај им на синовите Израилеви и кажи им: кога ќе влезат во Хананската земја, таа е земјата, кој ќе ви се падне во дел, земјата Хананска со пределите нејзини: вашата страна ќе биде онаа во југ, од пустињата Син, дури до Едом, како и пределот кон Лив, од крајот на Соленото Море откај исток, и да се граничи со пределите од југ до Акравинските возвишенија да минува кон југ кај Кадис-Варни да излегува кај полето Арад, минувајќи преку Аселмон; од Аселмон линијата да оди кон Египетската река и излегува кон морето. И морските предели да бидат ваши, предели што ги определува морето – тоа е морската граница. Откај север, пак, да имате граница: од големото море да ја измерите сами до горите, од горите таа да продолжува до Емат, и оттука свртува кон Садад; оттаму границата да продолжи кон Зефрон и да скршнува кон Арсенаин: тоа да ви биде северната граница. Источната граница измерете ја сами од Арсенаин до Сепфамара, од Сепфамара да продолжи кон Вил до изворите, потоа таа прави завој до морето Кинерет, од источната страна; таа граница излегува на Јордан и прави завој кон Соленото Море. Тоа да ви биде земјата со границите нејзини наоколу.« Тогаш им заповеда Мојсеј на синовите Израилеви и рече: »Еве ја земјата што ќе ја поделите со жреб, која Господ заповеда да им се даде на деветте племиња и половината од племето Манасиево, зашто племето на Рувимовите синови според домовите нивни, и племето на Гадовите синови според домовите нивни, и половината од Манасиевото племе, го добија својот дел: двете племиња и половината племе го добија својот дел со жреб од ова страна на Јордан, спроти Јерихон на исток.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Ова се имињата на мажите, што ќе ја поделат таа земја меѓу вас, свештеникот Елеазар, и Исус, Навиновиот син; а за делењето на земјата земете и по еден кнез од секое племе. А еве ги имињата на тие мажи: за Јудиното племе-Халев, синот Јефониев; за племето на Симеоновите синови – Самуил, синот Амиудов; за Венијаминовото племе – Елдад, синот Хаслонов; за племето на Дановите синови – кнезот Вакхир, Еглиновиот син; за Јосифовите синови, за племето на Манасиевите синови – кнезот Анил, Ефодовиот син; за коленото на Ефремовите синови – кнезот Камуил, синот Сафатанов; за племето за Завулоновите синови – кнезот Елисафан, синот Фарнахов; за племето на Исахаровите синови – кнезот Фалтиил, синот Озанов; за племето на Асировите синови – кнезот Ахир, синот Селемиинов; за племето на Нефталимовите синови – кнезот Фадаил, синот Амиудов.« Тоа се оние, на кои Господ заповеда да ги поделат деловите меѓу синовите Израилеви во Хананската земја. И му рече Господ на Мојсеја во западен Моав при Јордан, спроти Јерихон, велејќи: »Заповедај им на синовите Израилеви да им дадат со жреб на левитите од добиените делови во владение свое градови за живеење, и поле околу градовите дајте им на левитите; во градовите ќе живеат тие, а полето ќе биде за добитокот нивни, и за сите нивни четвороножни животни. Полето околу градовите, што ќе им го дадете на левитите, треба да се простира од градскиот ѕид две илјади лакти наоколу. И измерете надвор од градот, откај исток две илјади лакти, откај страната на југ две илјади лакти, и страната откај морето две илјади лакти, откај север две илјади лакти, а во средината да биде градот; такво ќе им биде полето околу градовите. Меѓу градовите што ќе им ги дадете на Левитите, шест града нека има за засолниште, каде што ќе дозволите да избегаат оние што убиле; и освен нив дајте четириесет и два града: сите градови, што ќе им ги дадете на Левитите, да бидат четириесет и осум града со поле околу нив. И кога ги давате градовите од владението на синовите Израилеви, давајте од поголемото – повеќе, од помалото помалку; според наследството свое, што ќе го добие, нека им даде од своите градови на Левитите.« И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви и речи им: ‚кога ќе минете преку Јордан во Хананската земја, разделете си градови, што ќе ви бидат градови прибежишта, каде што би можел да избега убиец, кој убил ненамерно.‘ И тие градови нека ви бидат засолниште од одмаздникот за крв, та да не биде погубен оној, што го извршил убиството, пред да излезе на суд пред народот. А градовите, што ќе ги дадете, градовите за засолништа, треба да бидат шест: три града дајте од оваа страна на Јордан и три града дајте во Хананската земја; тие треба да бидат градови прибежишта. Тие шест градови да бидат засолништа за синовите Израилеви, за придојдениот и за преселениот меѓу вас, за да избега во нив секој, кој убил човек не сакајќи. Ако некој удри некого со железно орудие и тој умре, тој е убиец: убиецот да биде убиен; и ако некој удри некого со камен од рака, и тој умре од каменот; тој е убиец, убиецот да биде убиен; или ако удри со дрвено орудие од рака, па тој од тоа умре, тој е убиец, убиецот да биде умртвен. Одмазникот за крв сам може да го убие убиецот: штом ќе го сретне, може сам да го умртви. Ако некој турне некого од омраза, или со умисла фрли на него нешто, така што тој да умре, или од завист го удри со рака, па тој умре, тогаш оној што удрил да биде убиен, тој е убиец; одмаздникот за крв може да го умртви убиецот, штом ќе се сретне со него. Ако го турне, не сакајќи, и без непријателство, или фрли на него нешто без умисла, или, без да види, откачи некој камен одозгора, што може да предизвика смрт, така што оној умре, но тој не му бил непријател и не му мислел зло, тогаш народот да го реши делото меѓу убиецот и одмаздникот за крв според оваа наредба; и народот да го спаси убиецот од раката на одмазникот за крв, и да го врати во градот на неговото засолниште, каде што избегал тој, за да живеее таму до смртта на големиот свештеник, кој е помазан со свет елеј. Ако убиецот излезе надвор од градот за засолнување, каде што избегал, па одмаздникот за крв го сретне надвор од границата на градот прибежиште и го убие, нема да биде виновен за крвнина, зашто оној треба да живее во градот на засолништето свое до смртта на големиот свештеник, а по смртта на големиот свештеник убиецот ќе може да се врати во земјата на имотот свој. Тоа да ви биде законска наредба во поколенијата ваши, по сите ваши живеалишта. Секој што ќе убие човек убиецот да биде пред свидетели; но еден сведок не е доволен за осудување на смрт. И не земајте откуп за душата на убиецот, кој е виновен за смртта, него предавајте го на смрт. И не земајте откуп за избеган во засолнички град, за да му дозволите да живее во земјата своја, си до смртта на великиот свештеник. На убивајте на земјата, на која живеете; зашто крвта ја осквернува земјата, и земјата не се чисти од пролеаната крв врз неа поинаку, освен со крвта на оној, што ја пролеал. Да не ја осквернувате земјата, на која живеете, во која помеѓу вас се вселив и Јас; зашто Јас сум Господ, Кој се всели меѓу синовите Израилеви.« Дојдоа кнезовите на племињата од синовите на Галад, синот на Махир, внук Манасиев, од племињата на Јосифовите синови, говореа пред Мојсеја и пред свештеникот Елеазар и пред кнезовите, на домовите на синовите Израилви, па рекоа: »Господ му заповеда на господарот наш да им дадеме земја во дел на синовите Израилеви по жреб, и на господарот наш му е заповедано од Господа, делот на Салпаад, наш брат, да им го даде на ќерките негови; ако, пак, тие се омажат за синови од некое друго племе на синовите Израилеви, тогаш нивниот дел да се одземе од делот на татковците наши и да се додаде кон делот на она племе, во кое тие ќе бидат омажени, и да се одземе наследството нивни од делот, кој што ни се падна со жреб нам; и дури откако кај синовите Израилеви ќе има проштална година, делот нивни да се додаде кон делот на она племе, во кое тие ќе бидат омажени, делот нивни да се одземе од делот на татковото ни племе.« Тогаш Мојсеј им заповеда на синовите Израилеви, според повелбата Господова, и рече: »Право говори племето на Јосифовите синови: еве, како заповеда Господ за Салпаадовите ќерки: тие можат да бидат жени на оние, што ќе им се допаднат, но можат да се омажат само со човек во племето од татковиот род, за да не минува делот на синовите Израилеви од едно племе во друго – зашто секој од синовите Израилеви треба да се жени само во родот на татковото си племе; и секоја ќерка, која наследува дел во племето на синовите Израилеви, треба да стане жена на некого од племето на татковиот си род, та секој од синовите Израилеви да го наледи татковиот дел, и да не минува делот од едно племе во друго; зашто секој од синовите Израилеви треба да се жени во племето од своето наследство.« Како што му заповеда Господ на Мојсеја, така и направија Салпаадовите ќерки. И Салпаадовите ќерки Мала, Терса, Егла, Мелха и Нуа се омажија со синовите од браќата на своето племе; тие се омажија во племето од синовите на Манасија, Јосифов син, и нивниот дел остана во племето на нивниот татко. Тоа се заповедите и наредбите, и повелбите, што Господ им ги даде на синовите Израилеви преку Мојсеја во западен Моав, при Јордан, спроти Јерихон. Ова се зборовите што му ги кажа Мојсеј на сиот Израил од онаа страна на Јордан во пустињата на запад спрема Суф, меѓу Фаран и Тофол, Ловон и Авлон и рудниците на злато; а од Хорив, преку планината Сир, до Кадис-Варни има единаесет дена пат. На четириесеттата година, на единаесеттиот месец, во првиот ден од месецот, им кажа Мојсеј на сите синови Израилеви сѐ, што му беше заповедал Господ за нив. Откако го порази аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон, и васанскиот цар Ог, кој живееше во Астарот, во Едраин, од онаа страна на Јордан, во земјата Моавска, Мојсеј почна да го објаснува тој закон и рече: »Господ, Бог наш, ни говореше на Хорив и рече: ‚Доста живеевте во таа планина; свртете се и кренете, па влезете во гората на Аморејците и при сите нивни соседи, по рамнината, по планините и на југ и во приморската земја Хананска и во Антиливан, дури до големата река, реката Еуфрат! Ете, ви ја давам таа земја, одете, земете ја земјата во наследство, која Господ со клетва им вети дека ќе им ја даде на татковците ваши – на Авраама, Исака и Јакова, ним и на потомството нивно.‘ И јас ви реков во она време: ‚Не можам сам да ве водам; Господ, вашиот Бог, ве умножи, и еве, вие сте сега многубројни како ѕвездите небески: Господ, Бог на татковците ваши, нека даде да се намножите и илјадапати повеќе, отколку што сте сега и нека ве благослови, како што ви говореше! Како ќе ги носам сам страдањата ваши, тежините ваши и расправиите ваши? Изберете си сперед вашите племиња луѓе мудри, разумни и искусни, а јас ќе ви ги поставам за началници.‘ Вие ми одговоривте тогаш и рековте: ‚Тоа е добро што велиш да го направиме.‘ И зедов од вас мажи мудри, разумни и искусни, и ги поставив за началници над вас: илјаданачалници, стоначалници, педесетначалници, десетначалници и записничари кај судиите ваши. И им заповедав на судиите ваши во тоа време, и реков: ‚Ислушувајте ги браќата свои и судете справедливо како човек спрема брат, така и неговиот придојден; Во судот не правете разлика меѓу лицата, ислушувајте го и малиот, и големиот: не плашете се од лицето човечко, бидејќи судот е Божји; а ако имате дело, кое е тешко за вас, обрнете се до мене, и јас ќе го ислушам.‘ И во тоа време ви заповедав за сѐ што треба да правите. И откако тргнавме од Хорив, одевме по целата таа голема и страшна пустиња, што ја видовте, по пат кон Аморејската планина, како што беше заповедал Господ, нашиот Бог, и стигнавме во Кадис-Варни. Тогаш јас ви реков: ‚Вие стигнавте на Аморејската планина, која Господ, Бог наш, ви ја дава; ете, Господ, Бог ваш, ви ја предаде оваа земја; штом ќе влезете, земете ја во владение, како што им рече Господ, Бог на вашите татковци: не бојте се и се плашете!‘ Но вие сите дојдовте при мене и рековте: ‚Да испратиме пред нас луѓе, да ја разгледаат земјата и да ни донесат известување за патот по кој ќе одиме, и за градовите, во кои ќе влеземе.‘ Ми се свидоа тие зборови, а јас зедов од вас дванаесет души, по еден човек од секое племе. Тие тргна, се качија на планината, дојдоа до долината со лозја и ја разгледаа; па зедоа во рацете свои плодови од земјата, ни ги донесоа, и ни известија, велејќи: ‚Добра е земјата, што Господ, Бог наш, ни ја дава.‘ Но вие не сакавте да одите и се оглушивте од заповедта на Господа, вашиот Бог, и возроптавте во шаторите свои, велејќи: ‚Господ, од омраза спрема нас, ни изведе од земјата Египетска, за да нѐ предаде во рацете на Аморејците и да не истреби; како ќе одиме? Вашите браќа ве обесхрабрија, велејќи: »оној народ е поголем, поброен и посилен од нас, таму градовите се поголеми и оградени со ѕидови до небеса, па и луѓе исполини видовме таму.«‘ Тогаш јас ви реков: ‚Не ужасувајте се и не плашете се од нив; Господ, Бог ваш, оди пред вас; Он ќе се бори за вас, исто онака, како што ви направи вам во Египет, пред очите ваши. И во оваа пустиња, како што видовте, Господ, Бог твој те пазеше, како што човек го пази синот свој, по целиот пат, по кој минавте, додека стигнавте на ова место.‘ Но и при тоа вие на Му верувавте на Господа, вашиот Бог, Кој одеше пред вас по патот, за да ви одбере место, каде да запрете – ноќе со оган, за да ви го сочува патот по кој одите, а дење со облак. И кога Господ Бог ги чу зборовите ваши, се разгневи, и се заколна, велејќи: ‚Никој од овие луѓе, нема да ја види добрата земја, за кој им се заколнав на татковците нивни, дека ќе им ја дадам, освен Халев, Јефониевиот син, тој ќе ја види; нему ќе му ја дадам земјата, во која влезе, и на синовите негови, зашто Му се покоруваше на Господа.‘ Господ се разгневи и на мене заради вас, велејќи: ‚И ти нема да влезеш таму; Иисус, синот Навинов, кој е при тебе, тој ќе влезе таму; него поткрепи го; тој ќе му ја даде на Израилот во наследство; и децата ваши, за кои говоревте, дека ќе станат плен на непријателите, и синовите ваши, кои засега не знаат што е добро, и што зло, тие ќе влезат таму, ним ќе им ја дадам, и тие ќе ја наследат.‘ А вие свртивте и тргнавте кон пустињата, по патот кон Црвеното Море. Вие одговоривте тогаш и ми рековте: ‚Згрешивме пред Господа, нашиот Бог; ќе одиме и ќе се бориме како што ни беше заповедал Господ, Бог наш.‘ И вие го опашавте секој бојното оружје свое, па се собравте и се искачивте на планината. Но Господ ми рече – кажи им: ‚Не одете и не војувајте, зашто Јас нема да бидам меѓу вас, за да не бидете разбиени од непријателите ваши.‘ И јас ви го кажав тоа, но вие не ме послушавте и ја престапивте Господовата заповед и своеволно се искачивте на планината. Тогаш излезе против вас Амореј, кој живееше во таа планина, и ве прогна, како што прават пчелите, и ве разбиваше од Сир дури до Хорма. Вие тогаш се вративте и почнавте да плачете пред Господа, но Господ не го чу плачот ваш и не ве послуша. и останавте во Кадис многу време, колку што бевте таму.« »Кога се вративме и тргнавме по пустињата кон Црвено Море, како што ми беше рекол Господ, и многу време одевме околу планината Сир. И Господ ми рече, велејќи: ‚Доста одевте околу таа планина, свртете се, пак, кон север. Заповедај му на народот и кажи му: »Ќе поминете сега низ пределите на вашите браќа, синовите Исавови, кои живеат во Сир, и тие ќе се исплашат од вас, и ќе се ужасат. Но вие на започнувајте со нив војна. Јас нема да ви дадам од земјата нивна ни една стапка, зашто планината Сир со жреб им ја дадов на синовите Исавови. Храна купувајте од нив со сребро и јадете; и вода купувајте од нив според цената и пијте; зашто Господ, Бог твој, те благослови во секое дело на твоите раце, сети се како помина, додека патуваше ти по таа голема и страшна пустиња; ете, четириесет години Господ, Бог твој, е со тебе; ти од ништо не се лишуваше.«‘ И минавме покрај нашите браќа, синовите Исавови, кои живеат во Сир, по арабискиот пат, од Елон и Гесион – Гавер, па свртивме и го изминавме патот во пустињата Моав. И му рече Господ: ‚Не се карајте со Моавците, ниту почнувајте со нив војна; зашто Јас не ви дадов со жреб ништо од земјата нивна, бидејќи Јас им дадов на Лотовите синови да го наследат Ароир.‘ Порано таму живееја Омините, народ голем, многуброен и силен како Енаковците, и се сметаа меѓу Рафаините за Енаковци; Моавците, пак, ги нарекуваа Омини. А во Сир живееја порано Хорејците; но синовите Исавови ги изгонија и ги истребија од пред себе и се населија наместо нив – така, како што постапи Израилот со земјата на своето наследство, што им го беше дал Господ. ‚И сега, станете и преминете ја долината Заред.‘ И ние ја минавме долината Заред. Откако отидовме во Кадес-Варни и ја минавме долината Заред, поминаа триесет и осум години, додека во таборот не изгинаа сите мажи, годни за војна, според она како што им се беше заколнал Господ Бог; пак и раката Господова беше против нив, истребувајќи ги од логорот, дедека сите не изумреа. И тогаш, кога изгинаа сите мажи, годни за војна, и тие умирајќи меѓу народот, Господ ми рече, велејќи: ‚Ти минуваш сега покрај пределите Моавски, наречени Ароир, и кога ќе се приближиш до Амоновите синови, не судрувај се со нив, ниту почнувај со нив војна, зашто Јас нема да ти дадам ништо во наследство од земјата на Амоновите синови, бидејќи им ја дадов на Лотовите синови со жреб.‘ Таа се сметаше за земја на Рафаините: порано живееја во неа Рафаините; Амонитите, пак, ги нарекуваа Зомијци; тие беа народ голем, многуброен и јак како Енаковците, и Господ ги истреби пред лицето нивно, и Амонитите ги изгонија и се населија на местото нивно, како што направи за синовите Исавови, кои живеат во Сир, истребувајќи ги пред нив Хорејците, и тие ги изгонија, и се населија на местото нивно и живеат до ден денес. И Евејците, што живееја во Асирот дури до Газа, Кападокијците, кои беа излегле од Кападокија, ги истребија и се населија на местото нивно. ‚Станете, тргнете и минете во долината на Арнон; ете, го предавам во раката твоја Сион, царот есевонски, Амореец, и неговата земја; почни да ја наследуваш и војувај против него; од денес Јас ќе почнам да сеам страв и ужас пред тебе врз народите под целото небо; оние, што ќе чујат за тебе, ќе се смутат и ќе се разболат од лицето твое.‘ И испратив пратеници од пустињата Кедамот при есевонскиот цар Сион, со мирни зборови, за да кажат: ‚Дозволи ми да минам преку твојата земја; ќе одам по патот, нема да скршнувам ни десно ни лево; храна продавај ми за пари, и јас ќе јадам, и вода продавај ми за пари, и јас ќе пијам; само со нозете мои да минам.‘ Така, како што му дозволија синовите Исавови, кои живеат во Сир, и Моавците од Ароир, додека не минам преку Јордан во земјата, што Господ, Бог наш, ни ја дава. Но есевонскиот цар Сион не се согласи да минеме преку земјата негова, зашто Господ, Бог наш, го ожесточи духот негов и срцето му го окорави, за да го предаде во раката твоја, како што тоа се виде сега. И ми рече Господ: ‚Ете, Јас почнав да ти го предавам Сиона, царот есевонски, Амореецот, и земјата негова; почнувај да ја населуваш земјата негова.‘ И сион, царот есевонски, со целиот народ свој излезе против нас во бој при Јаса; и го предаде Господ, Бог наш, во рацете наши и ние го разбивме него, синовите негови и целиот народ негов. Тогаш ги презедовме сите градови негови, ги разоривме сите градови, а и жените и децата не ги оставивме живи; само добитокот им го зедовме и пленот од градовите, што ги презедовме. Од Ароир, кој е при устието на потокот Арнон, и од тој град, кој е во долината, до планината Галад, немаше град, непристапен за нас: сѐ ни предаде Господ, Бог наш, во рацете наши. Само кон земјата на Амонитите не пристапивме ниту до местата, блиски до потокот Јавок ниту кон градовите по планината, ниту до сѐ, за кое не ни заповеда Господ, Бог наш.« »И се свртивме оттаму и појдовме кон Васан, и васанскиот цар Ог излезе во борба против нас со целиот свој народ, при Едраим. И ми рече Господ: ‚Не бој се од него, зашто Јас ќе ти го предадам во раката твоја него и целиот народ негов и целата земја негова, и ти ќе направиш со него така, како што направи со аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон.‘ И Господ, Бог наш, ни го предаде во рацете наши и Ог, царот васански, и целиот народ негов; и го разбивме него, така што од него не остана никој жив. Тогаш му ги презедовма сите градови негови, па не остана град, што не бевме го презеле од нив; шеесет градови, целата област Аргов во царството на Ог васански. Сите тие градови беа утврдени со високи ѕидови, порти и довратници, освен многуте ферезејски градови. И ние ги поразивме, како што направивме со Сиона, царот есевонски, уништувајќи ги сите градови заедно со жените и децата; а целиот добиток и пленот од градовите го разграбивме. И во тоа врема ја презадовме од рацете на двајцата цареви аморејски земјата од онаа половина на Јордан, од потокот Арнон дури до планината Аермон, – Финикијците го викаат Ермон-Сирион, а Аморејците го нарекуваат Сенир. Сите градови во рамнината, целиот Галад и целиот Васан до Салха и Едраим, беа градови од царството на Ог васански; зашто само васанскиот цар Ог остануваше од Рафаините. Ете, одарот му беше железен одар, и сега е во приградието на Амоновите синови: долг девет лакти, а широк – четири лакти, машки лакти. И тогаш ја наследивма таа земја, почнувајќи од Ароир, кој е устие на потокот Арнон; а половината од планината Галад со градовите му ја предадов на Рувимовото и Гадовото племе. остатокот, пак, од Галад и целиот Васан, царството на Ог, му го предадовме половината на Манасиевото племе, целата област Аргов, со цел Васан. Таа земја се нарече Рафаинска. Јаир, Манасиевиот син, ја презеде целата област Аргов, дури до пределите Гаргасински, и Махатински, и ги нарече Јаирови села, според своето име, како што се викаат и до ден денес. На Махир му го дадов Галад; а на племето Рувимово и Гадово им дадов од Галад дури до потокот Аронон, земјата меѓу потокот и пределот, до потокот Јавок, пределот на Амоновите синови, исто така и Арав, и Јордан, предел од Маханерет дури до морето арабиско, до Соленото Море, под Асидот – Фазга од исток. Тогаш и ви заповедав, велејќи: ‚Господ, Бог ваш, ви ја даде таа земја со жреб; сите способни за војна, откако ќе се вооружите, појдете пред браќата ваши, Израилевите синови; само жените ваши, децата ваши и добитокот ваш, (бидејќи знам, оти имате многу добиток), нека останат во градовите ваши, што ви ги дадов, додека Господ Бог не им даде покој на вашите браќа, како и вам, и додека и тие на ја наследат и таа земја, кој Господ, Бог ваш, им ја дава од онаа страна на Јордан; тогаш вратете се секој во своето наследство, што ви го дадов.‘ А на Иисуса му заповедав во она време, велејќи: ‚Очите ваши видоа сѐ, што Господ, Бог ваш, им направи на тие двајца цареви; исто ќе направи Господ и со сите царства, преку кои ќе минуваш. Не плашете се од нив, зашто Господ, Бог наш, Сам се бори за нас,‘ И Му се помолив на Господа во она време, велејќи: ‚Господи, Боже, Ти почна да го покажуваш на слугата Свој величието Свое и силата Своја и цврстата рака Своја и високата мишка Своја; па има ли некој бог на небото или на земјата, кој би можел да прави такви дела, како Твоите, и со таква моќ, како што е Твојата? Дај ми да минам и да ја видам онаа прекрасна гора и Анти – Ливан.‘ Но Господ ме презре заради вас и не ме послуша, и ми рече Господ: ‚Доста, во иднина да не ми говориш повеќе за тоа; искачи се на врвот на гората и крени ги очите кон морето и кон север, кој југ и кон исток, погледни со очите, зашто нема да го минеш Јордан; упати го Иисуса, поткрепи го и утеши го: зашто тој ќе го предводи овој народ и тој ќе им го раздели наследството на целата земја, на која ти ќе погледнеш.‘ И се задржавме во долината близу до домот на Фогор.« »И така, Израиле, послушај ги наредбите и законите, на кои јас денес ве учам да ги исполнувате, за да бидете живи и да се размножувате и да отидете и да ја наследите онаа земја, кој Господ, Бог на вашите татковци, ви ја дава во наследство; не додавајте ни збор повеќе на она што ви го заповедам, ниту да одземате од него; исполнувајте ги заповедите на Господа, вашиот Бог, кои јас денес ви ги предавам; очите ваши видоа сѐ, што Господ, Бог наш, му направи на Велфегор; зашто Господ, Бог наш, ќе го истреби од средината твоја секој, што ќе го следи Велфегор; а вие, кои му припаѓате на Господа, вашиот Бог, сите сте живи до ден денес. Ете, ви ги изнесов наредбите и законите, кои ми ги предаде Господ, Бог мој, за да постапувате така во земјата, во која влегувате, за да ја наследите. И така, пазете ги и исполнувајте ги, зашто во тоа е вашата мудрост и вашиот разум пред очите на сите народи, кои, откако ќе ги чујат сите тие наредби, ќе речат: овој голем народ е мудар и разумен народ. Оти има ли некој голем народ, кому неговиот бог му се приближил толку, како што е близок кон нас Господ, нашиот Бог, кога и да го повикаме? И им ли некој голем народ со такви праведни наредби и закони, како целиот овој закон, што ви го предавам денес? Само пази се и грижливо чувај ја душата своја, за да не ги заборавиш делата, што ги видоа твоите очи, и тие да не излегуваат од срцето твое, во сите денови на твојот живот, и да продолжат така и синовите твои, и синовите на синовите твои. Во оној ден, кога стоевте пред Господа, вашиот Бог, при Хорив, кај скинијата, и кога ми рече Господ: ‚Собери го при Мене народот, за да им ги кажам Моите зборови, од кои ќе научат да се бојат од Мене во сите денови на својот земен живот и да ги научат синовите свои.‘ Вие се доближивте и застанавте по планината, а планината гореше во оган до самото небо; и имаше темнина, облак и мрак, и ветер. И Господ ви говореше на планината од средината на огнот; гласот на зборовите негови ги чувте, но образ не видовте, туку чувте само глас. И Он ви го објави заветот Свој, и ви заповеда да ги исполнувате десетте заповеди и ги напиша на две камени плочи. Тогаш Господ ми заповеда да ве научам на наредбите и законите, за да ги исполнувате во земјата во која влегувате, да ја наследите. Бидете цврсто убедени во душите свои, бидејќи не видовте никакво лице во оној ден, кога Господ ви говореше, во гората Хорив од средината на огнот. Не вршете беззаконија, правејќи си ликови вајани, секаков вид ликови на маж или жена, лик на некое животно што е на земјата, лик на некоја перната птица, која лета под небото, лик на секаков гад што ползи по земјата, лик на секаков вид риба, која е во водата подолу од земјата; и да не се соблазниш ти, кога ќе погледнеш кон небото и го видиш сонцето, месечината и ѕвездите и сета убавина небеска, та да им се поклониш и да им послужиш, зашто Господ, твојот Бог, ги определил за сите народи под небото. А вас, пак, Господ Бог ве зеде и ве изведе од железната печка, од Египет, та да бидете народ Негов, како што сте тоа денес. И се разгневи Господ Бог на мене поради вас и се заколна, дека нема да го минам Јордан и нема да влезам во онаа убава земја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство. Јас ќе умрам во оваа земја, а да не го минам Јордан, додека вие ќе минете и ќе ја заземете таа убава земја. Гледајте, да не го заборавите заветот на Господа, вашиот Бог, што Он го склучи со вас, и да ни се правите каквигоде резани ликови, како што ти заповеда Господ, твојот Бог; бидејќи Господ твојот Бог, е оган, што гори, Бог ревнител. Ако, пак, ти се родат синови и внуци, и, откако ќе поживеете долго на земјата, почнете да вршите беззаконија и направите каковгоде резан лик, со тоа ќе направите зло пред очите на Господа, вашиот Бог, и така ќе Го разгневите. Денес, еве, ви сведочам со небото и со земјата, дека наскоро ќе ја изгубите оваа земја, во која одите да ја наследите од онаа страна на Јордан; нема да останете во неа долго, ами ќе загинете. И ќе ве растури Господ по сите народи, и ќе станете малубројни меѓу народите, кај кои ќе ве одведе Господ; и таму ќе им служите на нивните богови, што рака човечка ги направила од дрво и камен, кои не гледаат и не чујат, не јадат, и не мирисаат. Но таму кога ќе Го побарате Господа, вашиот Бог, ќе Го најдете, ако Го побарате од сѐ срце и од целата душа во вашата жалост. Кога ќе западнеш во тага, и кога сето тоа со време ќе те снајде, ти ќе Му се обрнеш на Господа, твојот Бог, и ќе го чуеш гласот Негов. Господ, твојот Бог, е Бог благ и милосрден; Он нема да те остави, нема да те погуби и нема да го заборави заветот со твоите татковци, на кои со клетва им го потврдил. Зашто, запрашај се за поранешните времиња, што беа пред тебе, од оној ден, кога Бог го создаде човекот на земјата, и од едниот крај на небото до другиот; имало ли нешто такво како ова големо дело, или се чуло ли за слично на него? Го чул ли некој народ некогаш гласот на живиот Бог, Кој говори од оган, како што ти чу, и остана жив? Зар не виде дека Бог отиде и си зеде народ од другите народи преку порази, претскажувања и чудеса, преку војна, и со силна рака, со висока мишка и со големи ужаси, како што направи за вас Господ, вашиот Бог, во Египет пред твоите очи? Тебе ти е дадено да го разбереш тоа, за да знаеш дека само Господ, твојот Бог е Бог и дека нема друг освен Него. Он ти дозволи од небото да го чуеш гласот Негов, за да те научи, а на земјата ти го покажа Својот голем оган, и ти ги слушаше зборовите Негови од огнот; бидејќи Он ги засака твоите татковци и ве избра вас, потомците нивни по нив, и те изведе Сам со големата сила Своја од Египет, за да ги порази од пред тебе народите што беа поголеми и посилни од тебе, да те воведе и да ти ја даде земјата нивна во наследство, која сега ја имаш. И така, знај сега и вразуми се, дека Господ, твојот Бог, е Бог на небото горе и на земјата долу, и нема друг освен Него; и пази ги наредбите Негови и заповедите Негови, кои денес ти ги давам за да биде добро за тебе и за твоите синови по тебе и да останеш долго во онаа земја, која Господ, твојот Бог, ти ја дава засекогаш,« Тогаш Мојсеј оддели три града од онаа страна на Јордан, откај изгревот на сонцето, за да избега таму убиец, кој не сакајќи ќе убие ближен свој, а да не му бил непријател ни вчера, ниту завчера, и, откако ќе избега во еден од тие градови, да остане жив. Восор во пустињата, населена од племето Рувимово, и Рамот во Галад, наследство Гадово, и Гавлон во Васан, земја на племето Манасиево. Тоа е законот што Мојсеј им го предложи на синовите Израилеви; тоа се заповедите, наредбите и законите, кои Мојсеј им ги кажа на синовите Израилеви во пустињата откако беа излегле од Египет, од онаа половина на Јордан, во долината во близина на домот Фогоров, во земјата на Аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон, кого Мојсеј го разби со синовите Израилеви, откако беа излезени од Египет. И ја наследија земјата негова и земјата на васанскиот цар Ог, обајцата цареви на Амореја, која е од онаа половина на Јордан, откај изгревот на сонцето, од Ароир, при устието на потокот Арнон, до планината Сион, тоа е и Ермон; и целиот Арав од оваа страна на Јордан кон исток, под самиот Асидот. Тогаш Мојсеј го свика сиот Израил и им рече: »Слушај ги, Израиле, наредбите и законите што ви ги кажувам денес во ушите ваши, научете ги и трудете се да ги исполнувате. Господ, нашиот Бог, склучи со вас завет на Хорив. Тој завет Господ не го склучи со нашите татковци, туку со нас, кои сме сега тука сите живи. Лице кон лице ви говореше Господ вам на планината од огнот: јас пак, стоев меѓу Господа и меѓу вас во тоа време, за да ви ги пренесувам зборовите Господови, бидејќи вие се плашевте од огнот и не излеговте на планината. Он тогаш рече: ‚Јас сум Господ, твојот Бог, Кој те изведов од Египетската земја, од домот на ропството; да немаш други богови пред лицето Мое! Не прави идоли и никакви ликови на она, што е на небото горе, и што е на земјата долу, и што е во водите под земјата, не им се клањај и не им служи; зашто Јас сум Господ, Бог твој, Бог ревнител, кој, за гревот на татковците што Ме мразат ги казнувам децата, до третото и четвртото колено, и Кој покажува милост до илјадници поколенија кон оние, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои. Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог; зашто Господ, твојот Бог, нема да го очисти оној, што го употребува името Негово напразно! Пази го саботниот ден, за да ти биде свет, како што ти заповедал Господ, твојот Бог; шест дена работи и врши ги сите работи, а седмиот ден е сабота на Господа, твојот Бог: не врши во него никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни робот твој, ни робинката твоја, ни волот твој, ни оселот твој, ниту некој твој добиток, ниту придојдениот твој, кој е кај тебе, за да си почине робот твој и робинката твоја и оселот твој, како и ти. И запомни, дека ти беше роб во Египетската земја, но Господ, твојот Бог, те изведе оттаму со цврста рака и со висока мишка; затоа и ти заповеда Господ, твојот Бог, да го почитуваш саботниот ден и да ти е свет. Почитувај го таткото твој и мајката твоја, како што ти заповеда Господ, твојот Бог, за да живееш долго и да ти биде добро во онаа земја, што ти ја дава Господ, твојот Бог. Не убивај! Не врши прељуба! Не кради! Не сведочи лажно против ближниот свој! Не ја пожелувај жената на ближниот свој и не го пожелувај домот на ближниот свој, ниту нивата негова, ниту робот негов, ниту робинката негова, ниту волот негов, ниту оселот негов ниту како и да било добиток негов, ниту нешто друго, кое е на ближниот твој!‘ Тие зборови ги изрече Господ громогласно кон целото ваше собрание на планината од огнот, облакот и мракот, и повеќе не говореше, и ги напиша на две камени плочи и ми ги предаде. И кога го чувте гласот од мракот, и планината гореше во оган, вие се приближивте до мене, сите началници на вашите племиња и старешините ваши, говорејќи: ‚Ете, ни ја покажа Господ, нашиот Бог, славата Своја и го чувме гласот Негов од огнот; денес видовме, дека Господ му говореше на човек, и тој остана жив. А зошто сега да умреме? Бидејќи тој голем оган ќе не изгори; ако пак го чуеме гласот на Господа, нашиот Бог, ќе умреме; кое е тоа тело што го чуло, како ние, гласот на живиот Бог, Кој говореше од огнот, а да останало живо? Пристапи ти и послушај сѐ, што ти вели Господ, нашиот Бог, кажи ни сѐ, што ќе ти каже Господ, нашиот Бог, а ние ќе послушаме и така ќе правиме.‘ И Господ ги чу вашите зборови, како разговаравте со мене, и ми рече Господ: ‚Ги чув зборовите на твојот народ, кој ти говореше; сѐ што рекоа, е добро. О, да имаа тие такво срце, та да се плашеа од Мене и да ги слушаа сите заповеди Мои во сите денови, тогаш ќе им беше добро ним и на синовите нивни во веки!‘ Оди и кажи им: ‚Ватете се во домовите ваши! а ти остани тука со Мене, и Јас ќе ти ги кажам сите заповеди, наредби и закони, на кои треба да ги научиш, како да постапуваат во онаа земја, што им ја давам во наследство.‘ Гледајте да постапувате така, како што ви заповеда Господ, вашиот Бог, не скршнувајте ни десно, ни лево; одете по патот, по кој ви заповеда Господ, вашиот Бог, за да бидете живи и да ви биде добро и да поживеете долго време во онаа земја, што ќе ја добиете во наследство.« »Ова се заповедите, наредбите и законите, на кои заповеда Господ, Бог ваш, да ве научам, како да постапувате во онаа земја, во која одите да ја наследите: да се плашиш од Господа, твојот Бог, и сите Негови наредби и заповеди Негови, кои денес ти ги кажувам, да ги пазиш ти и синовите твои и внуците твои во сите денови на животот твој, за да живееш долго. И така, чуј Израиле, и потруди се да го исполнуваш тоа, за да ти биде добро, и да се намножите многу многу, како што Господ, Бог на татковците ваши, им беше рекол, дека тебе ќе ти даде земја, каде што тече мед и млеко. (Тоа се наредбите и законите, што им ги заповеда Господ Бог на синовите Израилеви во пустињата, откако излегоа од Египетската земја.) Почуј, Израиле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ, сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце, со сета душа твоја и со сите сили твои! Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во срцето твое и во душата твоја; и пренесувај им ги на децата свои и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш; и врзи ги на раката своја како знак и да ти биде тој непоколеблив пред очите твои, и напишете ги на надвратникот на куќите ваши на вратите ваши. Кога, пак, ќе те воведе Господ, твојот Бог, во онаа земја, за која Он им се заколна на татковците твои – Авраама, Исака и Јакова, да ти ја даде со големи и убави градови, што ти не си ги градел, и со куќи, полни со секое добро, со кое ти не си ги наполнил, и со кладенци ископани, што ти не си ги копал, со лозја и маслини, кои ти не си ги садел, па јади и наситувај се! Тогаш пази да не се одврати срцето твое и да Го заборавиш Господа, Кој те изведе од Египетската земја, од домот на ропството. Бој се од Господа, твојот Бог, и само Нему служи Му, и кон Него биди приврзан и во Негово име колни се! Не одете по други богови, богови на оние народи, што ќе бидат околу вас; зашто Господ, твојот Бог, Кој е покрај тебе, е Бог ревнител; за да не се разгори гневот на Господа, твојот Бог, против тебе, и да не те истреби Он од лицето на земјата. Не искушувајте Го Господа, вашиот Бог, како што Го искушувавте во Маса. Пазете ги цврсто заповедите на Господа, вашиот Бог, и законите Негови и наредбите, што ти ги заповедав тебе; и вршите го она што е право и добро пред очите на Господа, твојот Бог, за да ти биде добро и да влезеш и да ја наследиш добрата земја, за која Господ со клетва им ја вети на татковците ваши, и дека Он ќе ги изгони сите твои непријатели од пред тебе, како што говореше Господ. Ако еден ден синот твој те запраше, велејќи: ‚Што значат тие заповеди, наредби и закони, кои ви ги заповеда Господ, Бог ваш?‘ Кажи му ги тогаш на синот твој: ‚Ние бевме робови на Фараонот во Египет, но Господ Бог нѐ изведе од Египет со силна рака и цврста мишка, и покажа Господ Бог знаци и големи чуда и поразии над Египет, над Фараонот и над целиот дом негов и над војската негова, пред очите наши; а нас ни изведе Господ Бог оттаму за да ни воведе и ни ја даде оваа земја, за која Господ Бог им се заколна на нашите татковци дека ќе ни ја даде. И ни заповеда Господ да ги исполнуваме сите тие наредби, да се боиме од Господа, нашиот Бог, за да ни биде добро во сите денови, за да си го зачуваме животот свој, како и денес. И ќе имаме милост, ако се трудиме да ги извршуваме сите тие заповеди на законот пред Господа, нашиот Бог, како што ни заповеда Он.‘« »Кога Гсопод, твојот Бог, ќе те воведе во земјата, во која ти одиш, за да ја наследиш, и ги изгони од пред тебе многубојните народи: Хетејците, Гергесијците, Аморејците, Хананејците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците, – седум народи, кои се побројни и посилни од вас. И ќе ти ги предаде Господ, твојот Бог, во рацете твои, и ги разбиеш, – тогаш предај ги на клетва, не прави со нив сојуз и немој да ги помилуваш; и не се ородувај со нив: ќерката своја не ја давај на синот негов, и ќерката негова не земај ја за синот твој, зашто тие ќе ги одвратат синовите твои од Мене, за да им служат на други богови, тогаш ќе се разгори врз вас гневот на Господа и Он ќе те истреби. Но постапете со нив вака: жртвениците нивни разрушете им ги, столбовите нивни разбијте ги и дабовите нивни исечете ги и резаните ликови нивни со оган изгорете ги; зашто ти си свет народ на Господа, твојот Бог; тебе те избра Господ, твојот Бог, за да бидеш негов сопствен народ меѓу сите народи, што се на земјата. Не затоа, дека сте побројни од сите народи, ве прими Господ и ве избра, – бидејќи вие сте помалубројни од сите народи, – туку затоа што Господ ве засака и за да ја одржи клетвата, со која Он им се беше заколнал на татковците ваши, и ве изведе Господ со силна рака и цврста мишка и те ослободи од домот на ропството, од раката на Фараонот, египетскиот цар. И така, знај дека Господ, твојот Бог, е Бог верен, Кој го пази од илјада поколенија Својот завет и има милост кон оние што Го сакаат и ги извршуваат заповедите Негови; а оние, што Го мразат, ги казнува нив, и ги погубува; Он не заборава да го казни токму оној, кој Го мрази. И така, пази ги овие заповеди, наредби и закони, кои денес ти ги кажувам и да ги исполнуваш. И ако ги слушате сите овие закони и ги пазите и исполнувате, Господ, твојот Бог, ќе го пази заветот и милоста кон тебе, како што им се заколна Он на татковците ваши; ќе те засака, ќе те благослови, ќе те намножи и ќе го благослови плодот на утробата твоја и плодот на земјата твоја: пченицата твоја, и виното твое, и елејот твој, и родот на воловите твои, и стадата на овците твои, во онаа земја, за која Он им се заколна на татковците твои дека ќе ти ја даде; благословен ќе бидеш повеќе од сите народи: нема да има ни бесплоден меѓу вас, ни бесплоден меѓу добитокот твој; и ќе ја отстрани од тебе Господ, твојот Бог, секоја немоќ, и никакви лути египетски болести, што си ги видел, и кои ги знаеш, нама да испрати врз тебе, и ќе ги испрати на сите што те мразат; и ќе ги уништиш сите народи, што Господ, твојот Бог, ти ги дава: и да не бидат поштедени пред окото твое; и не служи им на боговите нивни, бидејќи тоа е јамка за тебе. Ако кажеш во срцето свое: ‚овие народи се побројни од мене, како можам да ги поразам?‘ не плаши се од нив, спомни си, што направи Господ, твојот Бог, со Фараонот и со целиот Египет. Сети се за оние големи искушенија што ти ги видоа очите твои, на оние знаци, и на големите чуда и на силната рака и цврстата мишка, со кои те изведе Господ, твојот Бог; тоа исто ќе го направи Господ, твојот Бог, и со сите народи, од кои се боиш; И стршели ќе испрати Господ, твојот Бог врз нив, додека не загинат оние што останале и оние што се сокриле пред тебе; не плаши се од нив, бидејќи Господ, твојот Бог, е со тебе; Бог голем и силен. И Господ, твојот Бог, ќе ги прогонува од пред тебе тие народи малку по малку; ти не можеш брзо да ги истребиш, за да не стане замјата пуста и да се намножат против тебе дивите ѕверови; но ќе ти ги предава Господ, твојот Бог, во рацете твои, и ќе ги победиш во големи борби, сѐ додека не загинат; и ќе ги предаде во твоите раце царевите нивни, и ти ќе го истребиш името нивно од под небото: никој нема да устои против тебе додека не ги истребиш. Ликовите на боговите нивни со оган изгорете ги; да не ти се присака да го земеш среброто или златото, што е на нив, за да не биде тоа за тебе јамка, бидејќи е тоа одвратност пред Господа, твојот Бог; и не ја внесувај гнасотијата во домот свој, за да не бидеш проколнат, како тие; одвраќај се од тоа и гнаси се од него, бидејќи тоа е проклетство.« »Сите заповеди, кои денес ви ги кажувам, настојувајте да ги исполнувате, за да бидете живи и да се множите, и да отидете и да ја наследите добрата земја, која Господ Бог со клетва им ја вети на вашите татковци. И помни го целиот пат, по кој што те водеше Господ, твојот Бог, по пустињата еве веќе четириесет години, за да те искуша и да дознае што е во срцето твое, дали ги почитуваш заповедите Негови, или, пак, не. Он те смируваше, те мачеше со глад и те хранеше со мана, која ти не ја знаеше, не ја знаеја ни твоите татковци, за да ти покаже, дека човекот не живее само од леб, но човекот живее и од секој збор што излегува од устата на Господа; облеката твоја не изветве на тебе, и ногата твоја не отече, еве веќе четириесет години. И знај во срцето свое, дека Господ, твојот Бог, те казнува како што човекот го казнува синот свој. Затоа почитувај ги заповедите на Господа, твојот Бог, оди по патиштата Негови и бој се од Него. Зашто Господ, твојот Бог, те води во добра и богата земја, каде што по полињата и планините, течат потоци, а има и извори и езера, во земјата на пченицата, јачменот, лозјата, смоквите и калинките; во земја, каде што има маслинов елеј и мед; во земја, каде што ќе го јадеш лебот свој без недостаток и од ништо нема да имаш потреба, – во земја, каде што камењата се железо, и од планините ќе копаш бакар. И кога ќе јадеш и ќе бидеш сит, благословувај Го Господа, твојот Бог, за добрата земја, што ти ја даде. Гледај да не го заборавиш Господа, твојот Бог, не почитувајќи ги заповедите Негови и наредбите Негови, кои денес ти ги кажувам. Кога ќе јадеш и ќе бидеш сит, и изградиш убави куќи и ќе се вселиш во нив, кога ќе ти се намножат говедата и овците и кога се збогатиш со многу сребро и злато, и од сѐ ќе имаш во изобилие, гледај, да не се возгордее срцето твое, та да заборавиш на Господа, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската замја, од домот на ропството; Кој те преведе преку големата и страшна пустиња, каде што има змии што загризуваат, скорпии и суви места, во кои нема вода; Кој ти извади вода од најтврда карпа, и те хранеше во пустињата со мана, која ти не ја знаеше, а и таковците твои не ја знаеја, за да те смири и да те искуша, па да ти направи потоа добро, и за да не кажеш во срцето свое: ‚мојата сила и цврстината на мојата рака го здобија ова богатство,‘ но да Го помниш Господа, твојот Бог, зашто Он ти даде сила за да се здобиеш со богатство, за да го исполни, како денес, Својот завет, кој со клетва го беше потврдил на татковците твои. Ако пак Го заборавиш Господа, твојот Бог, и тргнеш по други богови, служејќи им и поклонувајќи им се, ви сведочам денес со небото и со земјата, дека ќе изгинете; онака како народите, кои Господ Бог ги уништи пред вас: така ќе загинете и вие, затоа што не го послушавте гласот на Господа, вашиот Бог.« »Чуј, Израиле: ти денес ќе го минеш Јордан да завладееш народи, поголеми и посилни од вас, градови големи, со тврдини до небеса, луѓе големи, и многубројни, и високи, Енаковите синови, за кои знаеш и си слушал: ‚Кој може да им се противстави на Енаковите синови?‘ Но сега знај, дека Господ, твојот Бог, е пред тебе како оган, што гори: Он ќе ги одврати од лицето твое и наскоро ќе ги истреби, како што ти рече тебе Господ. Кога ќе ги изгони Господ, твојот Бог, пред тебе, немој да речеш во срцето свое: ‚Заради мојата праведност ме доведе Господ да ја наследам таа добра земја;‘ не заради праведноста твоја и не заради правината на срцето твое ти одиш да ја наследиш земјата нивна, туку поради беззаконијата на тие народи Господ, твојот Бог, ги изгони од пред тебе, и за да го одржи заветот, за кој им се заколна Господ на татковците ваши: Авраама, Исака и Јакова; затоа знај сега, дека не заради праведноста твоја Господ, твојот Бог, ти дава да ја наследиш таа добра земја, – бидејќи вие сте луѓе жестоки. Запомни и не заборавај, колку Го разгневивте Господа, вашиот Бог, во пустињата: од оној ден, кога излеговте од Египетската земја, па сѐ додека пристигнавте на ова место, вие не Му се покоривте на Господа. и при Хорив вие Го разгневивте Господа, и се разгневи Господ на вас, така што сакаше да ве истреби, кога јас се искачив на планината, за да ги примам камените плочи, плочите на заветот, што Господ ви ги беше ветил вам; и останав на планината четиеисет дена и четириесет ноќи, леб на јадев и вода не пиев; и ми ги даде Господ двете камени плочи, напишани со Божји прст, а на нив беа напишани сите зборови, што ви ги изрече Господ на планината среде огнот во денот на собранието. Откако изминаа четириесет дена и четириесет ноќи, Господ ми ги даде двете камени плочи, плочите на заветот, и ми рече Господ: ‚Стани, оди си поскоро оттука, зашто твојот народ, што го изведе од Египет, се разврати многу брзо; тие се отстранија од патот, што им го заповедав; тие си направија идол.‘ И ми рече Господ: ‚Јас ти говорев еднаш и двапати: го гледам тој народ, ете, тој е народ жесток; остави Ме да ги уништам и да го избришам името нивно од под небото, а од тебе да направам народ поголем, посилен и помногуброен од нив.‘ Јас се свртив и слегов од планината, а планината гореше во оган; двете плочи на заветот беа во обете мои раце; и видов, дека вие бевте згрешиле против Господа, вашиот Бог, бевте си направиле излеано теле, и наскоро бевте отстапиле од патот, што ви го беше заповедал Господ да го држите; тогаш ги зедов двете плочи, ги фрлив од рацете свои, па ги скршив пред вас. И Му се помолив на Господа пак, како и порано, и пак четириесет дена и четириесет ноќи леб не јадев и вода не пиев, за сите ваши гревови, со кои згрешивте, зашто извршивте зло пред Господа, вашиот Бог, и Го разгневивте; бидејќи јас се плашев од гневот и јароста, со која Господ се разгневи на вас и сакаше да ве истреби. Но Господ ме послуша и тогаш. А и на Арона силно се разгневи Господ и сакаше да го погуби; но јас тогаш се молев и за Арона. А гревот ваш, што го направивте, телето, го зедов, го изгорев во оган, го скршив, и го уништив, откако го здробив, така што стана ситен прав, и јас го фрлив тој прав во потокот што течеше од планината. И во Тавер, и во Маса и во местото: Киврот-Атави вие Го разгневивте Господа, вашиот Бог. И кога Господ ве прати од Кадис-Варни, со зборовите: ‚Одете и наследете ја земјата, што ви ја давам,‘ – вие ѝ се противставивте на заповедта на Господа, вашиот Бог, и не Му поверувавте и не го послушавте гласот Негов. Вие Му бевте непокорни на Господа уште од оној ден, откога ве запознав. И Му се молев на Господа, Го молев четириесет дена и четириесет ноќи, бидејќи Господ сакаше да ве истреби; Му се молев на Господа и реков: ‚Господи, Господи, Цару на боговите, не погубувај го Својот народ и Своето наследство, што го избави со големата Твоја сила, што го изведе од Египет со силна рака и цврста мишка; спомни Си за Твоите слуги Авраама, Исака и Јакова, на кои им се заколна со Себе; не гледај на жестокоста на овие луѓе, ниту на нечесноста нивна, ниту пак на гревовите нивни, за да не речат жителите на оваа земја, од каде што нѐ изведе: – Господ не можеше да ги воведе во земјата, што им ја беше ветил, и од омраза спрема нив ги изведе, за да ги истреби во пустињата, – а пак овие луѓе се Твои и Твој избор, што Ти ги изведе од Египетската замја со големата сила Своја и цврстата Своја мишка.‘« »Тогаш Господ му рече: ‚Исечи си две камени плочи, слични на првите, и дојди при Мене на планината, и направи си дрвен ковчег. А Јас ќе ги напишам на плочите оние зборови што беа на поранешните плочи напишани, а кои ти ги скрши, и положи ги во ковчегот.‘ И направив ковчег од дрво што не гние, па исеков две камени плочи, како поранешните, и отидов на планината со двете плочи во рацете. И ги напиша Он на плочите, како што беше напишано порано, оние десет заповеди, што ви ги кажа Господ на планината среде огнот во денот на собранието, и ми ги предаде Господ. Јас се свртив и слегов од планината и ги положив плочите во ковчегот, што го бев направил, за да бидат тие таму, како што ми заповеда Господ.« Потоа се кренаа синовите Израилеви од Вирот на синовите Јакимови во Мисадај; и умре Арон и таму беше погребан, а место него свештеник стана синот негов Елеазар. Оттаму отидоа во Гадад, а од Гадад во Етавата, во земјата со водни потоци. Тогаш Господ го оддели Левиевото племе, за да го носи ковчегот на заветот Господов, за да стои пред Госдпода и да Му служи, и да се моли и да благословува во името Негово, како што е тоа и до ден денес; поради тоа левитите немаат дел и наследство со браќата свои: Самиот Господ е нивни дел, како што им беше говорел Господ, твојот Бог. »И престојував на планината, како и порано, четириесет дена и четириесет ноќи; Господ ме послуша и овој пат, и не посака Господ да ве погуби; и Господ ми рече: ‚Стани, тргни на пат пред својот народ; нека отидат и нека ја населат земјата, за која им се заколнав на татковците нивни дека ќе им ја дадам.‘ И сега, Израиле, што бара од тебе Господ, твојот Бог? Само да се боиш од Господа, твојот Бог, да одиш по сите Негови патишта, да Го сакаш, и да Му служиш на Господа, твојот Бог, од сѐ срце и со сета душа; да ги пазиш заповедите на Господа, твојот Бог, и наредбите Негови, кои денеска ти ги заповедам за да ти биде добро. Ете, небото и небото на небесата, земјата и сѐ што е на неа, е на Господа, твојот Бог; но само татковците ваши ги прими Господ и ги засака, и ве избра вас, нивното семе по нив, од сите народи, како што гледаш денес. И така, обрежете ја вашата жестокосрдечност и не ожесточувајте никого; зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на боговите и Господар на господарите, Бог голем, силен и страшен, Кој не гледа на лице и не зема дарови, Кој право суди на придојден, на сирак и на вдовица, го сака придојдениот и му дава леб и облека. Сакајте го и вие придојдениот, бидејќи и вие самите бевте придојдени во Египетската земја. Бој се од Господа, твојот Бог, и само Нему служи Му, кон Него приврзи се и во Негово име колни се; Он е твојата пофалба, Он е твој Бог, Кој поради тебе ги направи оние големи и славни дела, што ги видоа очите твои; твоите татковци дојдоа во Египет седумдесет и пет души, а сега Господ, твојот Бог, те направи многуброен како ѕвездите небески.« И така, сакај Го Господа, твојот Бог, и внимавај – она што го заповедал да го пазиш, – и наредбите Негови, и законите Негови, и заповедите Негови во сите денови. Па разберете сега, – бидејќи јас не зборувам со синовите ваши, кои не ги знаат и не ги виделе казните од Господа, вашиот Бог, – Неговото величие, Неговата силна рака и Неговата цврста мишка; чудесата Негови и делата Негови, што ги направи среде Египет со Фараонот, царот египетски, и со целата земја негова, и она што го направи Он со египетската војска, со коњите и колите, што ги потопи Он во водите на Црвеното Море, кога тие ве гонеа, – и Господ Бог ги погубува дури и денес, – и што направи Он за вас во пустињата, додека не дојдовте на тоа место, и што направи Он со Датан и Авирон, синовите на Елиав, син Рувимов, кога земјата ја отвори устата и пред целиот Израил ги голтна нив и домовите нивни, и куќите нивни и целиот имот, што го имаа; зашто вашите очи ги видоа сите тие големи дела на Господа, што ги направи Он. И така, пазете ги сите Негови заповеди, кои ви ги кажувам денес, за да бидете живи, да се намножите, па да отидете и да ја наследите земјата, сите кои преминувате преку Јордан, за да ја наследите; и да живеете долго време во онаа земја, за која Господ им се заколна на татковците ваши дека ќе им ја даде ним, и на поколенијата нивни, земјата, во која тече мед и млеко. Зашто земјата, во кој одиш да ја наследиш, не е како Египетската земја, од која излеговте, каде што ти, откако ќе го посееше семето свое, ја напојуваше со нозете свои, како зеленчукова градина. Земјата, пак, во која одите, за да ја наследите, е земја со планини, и се напојува со вода од небескиот дожд, – земја, за која Господ, твојот Бог, се грижи: очите на Господа, твојот Бог, непрестајно се врз неа, од почетокот на годината и до крајот на годината. Ако ги слушате заповедите Негови, кои ви ги кажувам денес, ако Го сакаш Господа, твојот Бог, и Му служиш од сето срце твое и од сета душа твоја, Он ќе ѝ даде на земјата твоја дожд навреме, ран и доцен, и ти ќе го собираш житото свое виното свое и елејот свој; И ќе му даде трева на полето твое за твојот добиток и ти ќе јадеш и ќе бидеш сит. Но пази, да не се соблазни срцето твое, па да пристапите и да им служите на други богови и да им се клањате; зашто тогаш ќе се разгори гневот на Господа врз вас, и Он ќе го затвори небото; и нема да има дожд, и земјата нема да го даде својот плод и вие брзо ќе исчезнете од добрата земја, која Господ ви ја даде. И така, ставете ги овие зборови Негови во срцето свое и во душата своја, врзете ги на раката своја како знак, и нека бидат тие врзулка меѓу очите ваши; и учете ги синовите свои на нив, кажувајте им за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш; и напишете ги врз входот на куќите ваши и над вратите свои, за да се умножат вашите денови и деновите на вашите деца во онаа земја, за која Господ се заколна дека ќе им ја даде на татковците ваши, колку што небото ќе биде над земјата. Зашто, ако ги пазите сите тие заповеди, што ви ги кажувам и ги исполнувате, ако Го сакате Господа, вашиот Бог, ако одите по сите патишта Негови и се приврзете кон Него, тогаш Господ ќе ги изгони сите тие народи од пред вас, и вие ќе владеете со народи, што се поголеми и посилни од вас; секое место, на кое ќе стапи ногата ваша, ќе биде ваше: вашите предели ќе бидат од пустињата и Антиливан, и од големата река Еуфрат, дури до морето, кое е на запад. Никој нема да ви се противстави вам: Господ, вашиот Бог, ќе испрати страв и трепет пред вас врз секоја земја, на која што ќе стапнете, како што ви говореше Он. Ете, јас ви давам денес благослов и клетва; благослов – ако ги послушате заповедите на Господа, вашиот Бог, што ви заповедам денес, а клетва – ако не ги послушате заповедите на Господа, вашиот Бог, и се отстраните од патот, што ви го кажувам денес, и тргнете по други богови, што не ги знаете. Кога ќе те воведе Господ, твојот Бог, во онаа земја во која одиш да ја наследиш, тогаш искажи благослов од планината Гаризин, а проклетство од планината Гевал. Тие планини се од онаа страна на Јордан, по патот кон зајдисонце, во земјата на Хананејците, кои живеат во рамнината, спроти Галгал, близу до високиот даб! Зашто вие го преминувате Јордан, за да отидете да ја наследите земјата, која ви ја дава Господ, вашиот Бог, со жреб, за секогаш; примете ја и населете се во неа. И така, почнете да ги пазите сите Негови наредби и закони, што ви ги предавам денес. »Ова се наредбите и законите, што сте должни грижливо да ги исполнувате во земјата, која Господ, Бог на татковците, ви ја дава со жреб за сите денови, во кои ќе живеете во таа земја. Разрушете ги сите места, каде што народите им служеле на боговите свои; сѐ што ќе земете по високите планини и височини и под секое разгранато дрво; разурнете ги жртвениците нивни и скршете ги столбовите нивни, изгорете ги со оган дабовите нивни и здробете ги идолите на боговите нивни, сотрете го и името нивно од тоа место. Да не Му правите такво нешто на Господа, вашиот Бог; но обрнувајте се кон она место, кое Господ, Бог ваш, ќе го избере од сите племиња ваши, за да го спомнувате името Негово да го призивате и да Го молите, и таму одете: таму принесувајте ги своите сепаленици, жртвите ваши и првините ваши, заветите ваши, доброволните приноси, исповеданијата ваши, и првородените од воловите ваши и од овците ваши: и таму јадете пред Господа, вашиот Бог, и веселете се вие и домовите ваши за сѐ, приготвено од рацете ваши, со кое те благословил Господ, твојот Бог. Таму не треба да правите сѐ онака, како што сега овде го правите, – секој, како што му се чини дека е добро; зашто сега уште не сте влегле во местото на спокојот и во наследството, што Господ, вашиот Бог, ви го дава. Но кога ќе го преминете Јордан и ќе се населите во земјата, која Господ, вашиот Бог, ви ја дава како дел, и кога ќе ве успокои од сите непријатели ваши, што ве опкружуваат, и заживеете базбедно, тогаш, во она место, што ќе го одбере Господ, вашиот Бог, за да се призива таму името Негово, таму принесувајте сѐ, што ви заповедам денес: сепаленици ваши, жртвите ваши, десетоците ваши, и првините од рацете ваши, и секој ваш избран дар, што ќе Му го ветите на Господа, вашиот Бог. И веселете се пред Господа, вашиот Бог, вие и синовите, ќерките ваши, робовите ваши, робинките ваши и левитите, кои се среде живеалиштата ваши, бидејќи тие немаат дел и наследство со вас. Гледај да не ги принесуваш сепалениците свои на секое место, што ќе го видиш, туку само на она место принесувај ги сепалениците свои, кое Господ, твојот Бог ќе го одбере во едно од твоите племиња, и прави сѐ онака како што ти заповедам денес. Зашто, кога и да посака душата твоја, можеш да колеш и да јадеш, по благослов од Господа, твојот Бог, месо, што ти го дал Он, во сите свои живеалишта: нечист при тебе и чист може да го јаде тоа како што се јаде срна и елен; само крв не јадете, истурајте ја на земјата како вода. Не треба да го јадеш во твоето живеалиште десетокот од твоето жито, твоето вино и твојот елеј од воловите твои, и од овците твои што си ги ветил, и од сите завети твои, што сте ги ветиле, и од доброволните приноси и од првините на рацете ваши, но јади го пред Господа, твојот Бог, само на она место што го одбрал Господ, твој Бог, ти и синот твој, и ќерката твоја, и робот твој, и робинката твоја, и левитот, и придојдениот во градовите твои: и развесели се пред Господа, твојот Бог, во сѐ на што е ставена раката твоја. Внимавај да не го заборавиш левитот за сето време додека си жив на земјата. Кога ќе се рашири Господ, твојот Бог, пределите твои, како што ти беше говорел, и ти ќе кажеш: ‚да јадам месо‘, зашто душата твоја ќе посака да јаде месо, – тогаш јади месо, колку што ти сака душата твоја. Ако биде далеку од тебе местото, што ќе го избере Господ, твојот Бог, за да се призива името Негово таму, тогаш коли од воловите твои, и од овците твои, што ти ги дал Господ, твојот Бог, како што ти заповедав, и јади во градовите твои, колку што ти сака душата; но јади ги така, како што се јаде срна и елен; нечист, како и чист при тебе можат да го јадат тоа. Само пази добро, да не се јаде крвта, зашто крвта е душа: не ја јади душата заедно со месото; на јади ја: истурај ја на земја како вода; не јади ја, за да ти биде добро тебе и на синовите твои по тебе секогаш, ако вршиш што е добро и угодно пред очите на Господа, твојот Бог. Само светите дарови твои, какви што ќе ги имаш и заветите твои донесувај ги, и доаѓај на она место, што ќе го одбере Господ, твојот Бог, за да се призива таму името Негово; и принесувај ги сепалениците твои: месо и крв, врз жртвеникот на Господа, твојот Бог; но крвта од другите твои жртви треба да биде изливана при жртвеникот на Господа, твојот Бог, а месото јади го. Пази и слушај да ги извршуваш сите тие зборови, што ти ги заповедам, за ти биде добро тебе и на твоите синови по тебе довека, ако правиш добро и угодно пред Господа, твојот Бог. Кога Господ, твојот Бог, ќе ги истреби од лицето твое народите, кај кои одиш за да ја наследиш нивната земја, и, откако ја примиш во наследство и ќе ги освоиш, ќе се населиш во земјата нивна, внимавај да не влезеш во стапица, кога ќе тргнеш по нив, откако ќе бидат истребени пред тебе, и да не ги бараш боговите нивни, велејќи: ‚како што служеле тие народи на боговите свои, така ќе правам и јас.‘ Да не Му правиш така ти на Господа, твојот Бог; одвратно Му е на Господа што го прават тие на боговите свои, бедејќи тие и синовите свои и ќерките свои ги горат на оган за своите богови. Погрижи се да исполнуваш сѐ, што ти го заповедам денес; не додавај кон тоа и не одземај од него.« »Ако излезе пред тебе некој пророк, или толкувач на соништа, и ти покаже знак или чудо, и ако се оствари тој знак или чудо, за кое тој ти говорел, па потоа ти рече: ‚да одиме да служиме на други богови, кои ти не ги познаваш,‘ ти не го слушај гласот на таков пророк, или на таков толкувач на соништа; бидејќи преку тоа Господ, вашиот Бог, ве искушува, за да дознае, дали Го сакате Господа, вашиот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа. Господа, вашиот Бог, следете Го, бојте се од Него, извршувајте ги Неговите заповеди и слушајте го гласот Негов, и Нему служете Му и бидете приврзани кон Него. А оној пророк, или оној толкувач на соништа да биде осуден на смрт, поради тоа што те измамил да се откажеш од Господа, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската земја и те избави од домот на ропството, зашто сакал да те одврати од патот, по кој Господ, твојот Бог, ти беше заповедал да одиш; така истребете го злото од околината ваша. Ако тајно те наговорува братот твој од твојот татко или од мајката твоја, или твојот син, или ќерката твоја, или саканата жена твоја, или пријателот твој, кои е за тебе како душата твоја, па ти рече: ‚да одиме и да им служиме на други богови‘, што не ги познаваше ти и твоите татковци, на боговите на оние народи, што се околу тебе, од едниот крај на земјата до другиот, – не се согласувај со него и не го слушај; и да не ти се смили окото твое над него, не го жали и не го сокривај, туку убиј го; прво твојата рака нека биде врз него, за да го убие, – а потоа рацете на целиот народ; убиј го со камења, да умре; бидејќи тој сакал да те отстрани од Господа, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската земја, од домот на ропството. Целиот Израел да го чуе тоа и да се исплаши, и нема во иднина да прави пред тебе такво зло. Ако чуеш за некој од градовите твои, што Господ, твојот Бог, ти ги дава за да се населиш во нив, дека во него се појавиле нечесни луѓе пред тебе И ги соблазниле сите жители на нивниот град, велејќи; ‚ајде да им служиме на други богови, кои вие не ги познавате‘, – ти испитај и дознај добро: и ако е тоа чиста вистина, дека е направена таква одвратност меѓу вас, погуби ги нив и жителите на тој град со сечилото на мечот, проколни го него и си што е во него; а сите добра од него собери ги среде плоштадот негов и изгори го со оган градот и сите добра од него пред целиот народ, пред Господа, твојот Бог, и да биде тој вечно пуст, никогаш да не се обнови. И до ништо од проколнатото да не се допре раката твоја, за да ја скроти Господовата јарост, па да ти даде милост, да ти прости, и да те размножи, како што ти говореше тебе, кога им се заколна на татковците твои, штом го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, извршувајќи ги сите заповеди Негови, што сега ти ги кажувам, и вршејќи добро и угодно пред очите на Господа, твојот Бог.« Вие сте синови на Господа, вашиот Бог; не правете зарези на телото свое и не ја стрижете косата над очите свои за умрено; зашто вие сте свет народ на Господа, вашиот Бог, и Господ вас ве избра од сите народи, што се на земјата, за да бидете Негов народ. Не јади ништо нечисто. Свој добиток можете да јадете: телци од говедата, и јаганци од овците, и козли од козите; елен, срна, бивол, кошута, зебра и дива коза. Секое животно што има разделени копита и на двете копита длабок зарез, и добиток што прежива, јадете го. Од оние, што преживаат и имаат разделени копита со длабок зарез, не јадете само: камила, питом зајак и див зајак, зашто тие, иако преживаат, нивните копита не се разделени: тие се нечисти за вас; и свињата, оти, иако копитата и се разделени, но таа не прежива: таа е нечиста за вас; месото нивно не јадете го и до труповите нивни не се допирајте. Од сите водни животни јадете ги сите оние, што имаа перки и лушпи; а другите што немаа перки и лушпи, не јадете ги: тие се нечисти за вас. Секоја чиста птица јадете ја; но од нив не треба да ги јадете овие: орелот, штркот, галебот, неситот, соколот, и сличните на нив; гавранот, врабецот, препелицата; чапјата, јастребот и сличните на нив; бувот, лилјакот и сличните на нив; гемот, лебедот, ивинот, катарактата и вдодот; штркот, гушавецот со породот негов, папуњакот и (лилјакот). Сите крилести лазачи се нечисти за вас, да не ги јадете. Секоја чиста птица јадете ја. Не јадете ништо умрено; дај му го на придојдениот, што е во твоите градови; нека го јаде тој, или продај му го на туѓинецот, зашто ти си народ свет за Господа, твојот Бог. Не вари јагне во млекото на мајката негова. Одделувај десеток од секој плод на семињата свои, род од нивите твои секоја година, И јади пред Господа, твојот Бог, во место, што Он ќе го одбере, за да се призива вечно името Негово таму; принесувај десеток од пченицата твоја, од виното твое и од елејот твој, и првородените од воловите твои и од овците твои, и да се научиш да се боиш од Господа, твојот Бог, во сите денови. Ако, пак, патот твој е долг, така што не ќе можеш да го принесеш тоа, бидејќи далеку е од тебе местото, што ќе го одбере Господ, твојот Бог, за да се призива таму името Негово, за да те благослови Господ, твојот Бог, тогаш продај го тоа според цената и земи го среброто во рака и оди на местото, што ќе го одбере Господ, твојот Бог; и со тоа сребро изнакупи сѐ, што душата ќе ти посака – волови, овци, вино, или сикар и сѐ друго што душата ќе ти посака; и јади таму пред Господа, твојот Бог, и развесели се ти и домот твој. И левитот, кој е во твојот град, не го изоставај, бидејќи тој нема ни дел ни наследство со тебе. На крајот на секои три години изнеси ги сите десетоци од житото твое во текот на последната година и стави го тоа во градовите свои, па нека дојде ливитот, бидејќи тој нема дел и наследство со тебе, и придојдениот и сиромавиот и вдовицата, што се во твоите градови, и нека јадат и нека се наситат за да те благослови Господ, твојот Бог, во секоја работа, што ќе ја вршат рацете твои. »Во седмата година проштавај! И ова е заповед за простувањето: секој кој што дал на заем на ближниот свој, нека му го прости; целиот долг да не го бара од ближниот свој, или од братот свој, бидејќи тоа е простување заради Господа, твојот Бог; од туѓинецот барај го она што го имаш кај него; а на братот твој прости му го долгот, за да нема кај тебе сиромав; зашто Господ ќе те благослови во онаа земја, која Господ, твојот Бог, ти ја дава како дел, за да ја добиеш во наследство. Доволно е само да го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, и да ги пазиш и да ги исполнуваш сите овие заповеди, кои денес ти ги заповедам; зашто Господ, твојот Бог, ќе те благослови, како што ти говорел, и ти ќе даваш заем на многу народи, а самиот нема да земаш заем; и ќе владееш со многу народи, а над тебе нама да владеат. Ако, пак, имаш некој брат сиромав во еден од градовите твои, во земјата твоја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава, не го одвраќај срцето свое и не ја стискај раката своја пред твојот брат што има потреба, туку отвори му ја раката своја и дај му заем, колку што му треба и колку што му недостасува; пази сѐ, да не влезе во срцето твое лукава мисла: па да речеш ‚наближува седмата година, година на простувањето‘ и да не стане окото твое злобно спрема твојот сиромав брат, што има потреба и да му откажеш; зашто тој ќе повика против тебе пред Господа, и на тебе голем грев ќе падне; подај му драговолно заем, колку што сака и колку што му треба, а кога му даваш, да не ти се нажали срцето твое, бидејќи Господ, твојот Бог, ќе те благослови за тоа во сите твои работи и во сѐ, што го вршат рацете твои; зашто сиромаси ќе има секогаш во земјата твоја; затоа и ти заповедам, велејќи ти: отворај ја вратата твоја за твојот брат, за твојот беден и за оној што моли во земјата твоја; ако ти се продаде твојот брат, Евреин, или Еврејка, тој треба шест години да ти работи, а седмата година пушти го на слобода; кога, пак, го пушташ на слобода, не отпуштај го со празни раце, туку дарувај го со нешто од овците твои, од пченицата твоја и од виното твое: дај му од она, со кое те благословил Господ, твојот Бог; помни, дека и ти беше роб во Египетската земја, и Господ, твојот Бог, те ослободи; ете затоа и ти го заповедам денес ова. Ако, пак, ти каже: ‚не сакам да си одам од кај тебе, зашто те засакав тебе и домот твој‘, бидејќи ми е добро кај тебе, земи шило и продупчи му го увото на степеникот пред вратата; и тој ќе ти биде роб засекогаш. Така направи и со робинката твоја. За да не ти биде тешко, поради тоа што си должен да го пушташ на слобода, бидејќи тој ти изработил во текот на шесте години двојно повеќе – отколку платен наемник, затоа Господ, твојот Бог, ќе те благослови во сѐ, што и да правиш. Секое машко првородено, што ќе се роди од говедата твои и од овците твои, посветувај го на Господа, твојот Бог: не работи со провородениот вол свој и не стрижи го првороденото од овците твои; тоа јади го ти и челадта твоја пред Господа, твојот Бог, секоја година, на местото, што ќе го одбере Господ, твојот Бог; ако, пак, тоа биде со недостаток, – хромо, или слепо, или со некој друг недостаток, не принесувај го како жртва на Господа, твојот Бог, но во градовите твои нека се јаде; нечист и чист може да јаде како што се јаде срна и елен; само крвта не јади му ја: истурај ја на земја како вода.« Набљудувај го месецот на новите плодови и празнувај ја Пасхата на Госпдоа, твојот Бог, зашто во новиот месец си излегол од Египет, ноќе. И коли пасха на Господа, твојот Бог, од говедата твои и од овците твои, на местото, што ќе го одбере Господ, за да се призовува името Негово таму. Не јади на неа леб со квас: седум дена јади на неа бескавасни лебови, лебови на маките, бидејќи набрзина излеговте од Египет, за да го помните денот на вашиот исход од Египетската земја; ништо со квас да нема при тебе во сите твои предели во текот на седумте дена, и од месото, што си го принел како жртва вечерта на првиот ден ништо не смее да преноќева. Не смееш да колеш пасха ни во еден од градовите твои, што Господ, твојот Бог ќе ти ги даде: туку само на она место, што ќе го одбере Господ, твојот Бог, за да се призовува вечно името Негово, таму колу пасха навечер, при зајдсонце, во она исто време, во кое си излегол од Египетската земја; па свари и испечи и јади на она место што ќе го одбере Господ, твојот Бог, а на вториот ден можеш да се вратиш во домот твој. Шест дена јади бесквасни лебови, а седмиот ден е последен ден од празникот на Господа, твојот Бог; не врши никаква работа. Изброј седум седмици; почни да ги броиш седумте седмици, откога ќе го сравиш српот на жетвата; тогаш празнувај го празникот Седмици на Господа, твојот Бог, според она колку што може да даде раката твоја, во кое што те благословил Господ, твојот Бог; и развесели се пред Господа, твојот Бог, ти, синот твој и ќерката твоја, робот твој и робинката твоја, левитот кој е во градовите твои, и придојдениот, сиромавиот и вдовицата, што се кај тебе, на она место, што ќе го одбере Господ, твојот Бог, за да се призива вечно името Негово таму; помни, дека ти беше роб во Египетската земја, и пази ги и исполнувај ги овие наредби. Седум дена празнувај го празникот Сеници, откако ќе ја прибереш жетвата од нивите твои и виното во садовите твои. Па развесели се ти на празникот твој, синот твој и ќерката твоја, робот твој и робинката твоја, левиотот и придојдениот, сиромавиот и вдовицата, кои се во градовите твои; седум дена прославувај Го Господа, твојот Бог, на она место, што ќе го одбере Господ, твојот Бог, за да се призива таму името Негово, бидејќи ќе те благословува Господ, твојот Бог, во сите плодови твои и во секоја работа на рацете твои и ти само ќе се веселиш. Трипати во годината секое машко треба да се јавува пред Господа, твојот Бог, на местото, што ќе го одбере Он, на празникот Бесквасници, на празникот Седмици и на празникот Сеници; и никој не смее да се јавува пред Господа со празни раце, но секој со дар во раката, според благословот од Господа, твојот Бог, од она што ти го дан Он. Во сите твои градови, кои Господ, твојот Бог, ти ги дал, постави си судии и надзорници според племињата свои, за да му судат на народот со праведен суд; на искривувај го законот, не гледај на лице и не замај дарови, бидејќи подароците ги залепуваат очите на мудрите и го изопачуваат делото на правите; праведен суд барај, за да бидеш жив и да отидеш да ја наследиш земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава. Не посадувај шумичка било од какви и да е дрвја покрај жртвеникот на Господа, твојот Бог, што ќе си го подигнеш; и не гради друг жртвеник, бидејќи тоа го мрази Господ, твојот Бог. »Не принесувај жртва на Господа, твојот Бог, вол, или овца, кои се повредени, или имаат некаков недостаток, бидејќи тоа е гнасотија пред Госпдоа, твојот Бог. Ако се најде при тебе во еден од градовите твои, кои Господ, твојот Бог, ти ги дава, маж или жена, што ќе направи зло пред Господа, твојот Бог, и со тоа го престапат заветот Негов, па тргнат и почнат да им служат на други богови, и им се поклонуваат ним, или на сонцето, или на месечината, или на сѐ што е небеско, кое Јас не сум го заповедал, и ти биде соопштено, и ти провериш добро; па, ако е тоа вистина, ако е направена таква гнасотија во Израилот, изведете ги тој маж, или таа жена, што го направиле тоа зло, пред вратата и убијте ги со камења, за да умрат. Според зборовите на двајца или тројца сведоци осудениот на смрт треба да умре: не смее да се погубува само на еден сведок; прво раката на сведоците треба да падне врз него, за да биде убиен, потоа рацете на целиот народ; така истребете го злото од вас самите. Ако по некое дело ќе биде тешко за тебе да пресудиш меѓу крв и крв, меѓу суд и суд, меѓу рана и рана, и меѓу расправа и расправа на судиите од твоите градови, стани и оди во местото, што ќе го одбере Господ, твојот Бог, за да се призива името Негово таму, и пријди кај свештениците левити и при судијата, што ќе биде во тие денови, прашај ги, и тие ќе ти кажат, како да пресудиш. И постапи, онака како што ќе ти кажат на местото што ќе го одбере Господ, твојот Бог, за да се призива името Негово таму, и гледај да извршиш сѐ што ќе ти кажат тие; според законот и според пресудата што ќе ја кажат, постапи така и не отстапувај ни десно ни лево од она, што ќе ти го кажат тие. А кој ќе постапи гордо, и не ќе го послуша свештеникот, што е таму на служба пред Господа, твојот Бог, или судијата, што ќе биде во тие денови, тој треба да умре. – Така исчистете го злото од Израилот; па целиот народ ќе чуе, и ќе се уплаши, и во иднина нема да постапува нечесно. Кога ќе влезеш во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава со жреб, и ја примиш, и се населиш во неа, и речеш: ‚ќе си поставам кнез, како другите соседни народи‘, – постави си кнез, кого Господ, твојот Бог, ќе го избере, постави си кнез од браќата твои; не смееш да поставиш за кнез туѓинец, кој не е твој брат. Но тој да не ги умножува коњите свои и да не го врати народот во Египет, за да ги умножи коњите свои, бидејќи Господ ви рече: ‚не обидувајте се да се вратите веќе по тој пат‘; и да не ги умножува жените свои, за да не се разврати срцето негово, и да не натрупува сребро и злато прекумерно. А кога ќе седне со власт на престолот, нека си направи препис на овој закон од книгата, што се наоѓа кај свештениците левити, и нека ги држи кај себе и нека го чита во сите денови на неговиот живот, за да се научи да се бои од Господа, својот Бог, и да ги пази и да ги исполнува сите овие заповеди и наредби; за да не се возгордее срцето негово пред неговите браќа, и да не отстапува од законите ни десно, ни лево, за да остане на власт многу години, тој и синовите негови во Израилот.« »Да нема дел и наследство во Израилот за свештениците левити, во целото племе Левиево; тие треба да јадат од жртвите за Господа, дел од нив нема да има меѓу браќата негови: Самиот Господ е негов дел, како што му рече Он. Еве, што треба да биде определено за свештениците од народот, од оние, што принесуваат жртва теле или овца; на свештеникот треба да му се дава рамото, главата и утробата; давај му исто така и првина од пченицата твоја, од виното твое и од елејот твој, и првината од стригот на овците твои, бидејќи Господ, твојот Бог, него го избра од сите твои племиња да претстои пред Господа, твојот Бог, да служи и да благословува во името Господово, тој и синовите негови во сите денови. И ако левит некој дојде од некој од твоите градови, низ целата земја на Израилевите синови, каде што живеел тој, и по желба на душата своја дојде на местото, што ќе го одбере Господ, и почне да служи во името на Господа, својот Бог, како и сите негови браќа левити, кои стојат таму пред Господа, како храна нека добие еднаков дел, освен добиеното од продажбата на татковиот имот. Кога ќе влезеш во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава, да не свикнеш да правиш гнасотии, какви што вршеле тие народи; да не се најде пред тебе човек што го тера синот свој или ќерката своја преку оган, заради очистување, или да претскажува, да гата, или како маѓепсник, чародеец, ни гледач на утробата, ниту, пак, што гледа по знаци, ни таков што повикува мртви; зашто, секој, што го прави тоа, е гнасен пред Господа, и токму поради тие гнасотии Господ, твојот Бог, ги изгонува од пред тебе. Биди непорочен пред Господа, твојот Бог; зашто тие народи, што ти ги наследуваш, ги слушаат гатачите и претскажувачите, а тоа Господ, твојот Бог, не ти го дал. Господ, твојот Бог, ќе ти дигне пророк од браќата твои, како мене, – Него слушајте Го, – бидејќи ти го молеше Господа, твојот Бог, при Хорив во денот на собранието, велејќи: ‚да не го чујам во иднина гласот на Господа, нашиот Бог, и да не го видам повеќе тој голем оган, за да не умрам.‘ И ми рече Господ: добро е тоа, што ти го кажале; Јас ќе им издигнам пророк од браќата нивни, каков што си ти, ќе ги ставам зборовите Мои во устата Негова и Он ќе им каже сѐ, што Јас ќе му заповедам; а кој не ќе ги послуша зборовите што ќе говори оној Пророк од Мое име, Јас ќе му се одмаздам. Кој, пак, пророк ќе се осмели да зборува од Мое име, она што не сум му заповедал да говори и оној што ќе зборува од името на други богови, таквиот пророк да биде погубен. Но ќе си речеш во срцето свое: ‚како ќе ги разбереме зборовите, што не ги кажал Господ?‘ Еве како ќе ги дознаете: ако пророкот говори од името на Господа, и зборовите не се збиднат и не се исполнат, тогаш Господ не ги кажал тие зборови, туку ги кажал пророкот по своја гордост, – и не бој се од него.« Кога Господ, твојот Бог, ќе ги истреби народите, замјата нивна што ти ја дава Господ, твојот Бог, и ја наследиш по нив, и се населиш во градовите нивни, и куќите нивни, тогаш оддели три града во земјата своја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство; изгради си пат и раздели ја на три дела сета земја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство; тие да служат за засолниште на секој убиец. А еве кој убиец може да се засолни таму и да остане жив: оној што ќе убие ближен свој без умисла, и да не му бил непријател вчера, и завчера; оној што ќе отиде со другарот свој во шума да собира дрва, па му се слизне раката со секирата, за да пресече дрво, и испадне острицата од дршката, го погоди другарот негов, и тој умре, – таков нека се засолни во еден од тие градови, за да остане жив, за да не го подгони одмаздникот за крв со разјарено срце убиецот и да го стигне, па, ако патот биде долг, и го убие, но тој не смее да се осуди на смрт, бидејќи не му бил непријател ни вчера, ни завчера; затоа и ти заповедав, велејќи ти: оддели си три града. Кога пак Господ, твојот Бог, ќе ги рашири твоите граници, како што се беше заколнал на татковците твои, и ти ја даде сета земја, што им ја беше ветил на татковците твои, ако се трудиш да ги исполнуваш сите овие заповеди, што денес ти ги заповедам, да Го сакаш Господа, твојот Бог, и да одиш по Неговите патишта во сите денови, – тогаш кон тие три града додај уште три града, за да не се пролева невина крв во замјата твоја, што ти ја дава Господ, твојот Бог, во наследство за да не бидеш обвинет поради крв. Но ако има некој човек при тебе непријател на ближниот свој и го начека, па се нафрли на него и го истепа така, што тој умре, и избега во еден од оние градови, старешините на тој град да испратат, да го земат оттаму и да го предадат во рацете на одмаздникот за крвта и да умре. Да не го поштеди окото твое: очисти ја крвта на невиниот од Израилот, и ќе ти биде подобро. Не ја преместувај меѓата на пределот од ближниот свој, поставена од татковците твои во твоето наследство, што си го добил во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава тебе со жреб. Не е доволен еден сведок против човек за каков и да било обид, престап или некој грев, со кој згрешил: при сведочењето на двајца сведоци, или со зборовите на тројца сведоци се донесува решение. Ако против некого излезе неправеден сведок, обвинувајќи го за престап, и обајцата, на кои им се суди, нека застанат пред Господа, пред свештениците и пред судиите, што ќе се најдат во тие денови; и судиите нека ги испитаат добро, па ако оној лажлив сведок лажно сведочи против братот свој. направете му го она што го беше намислил да му го направи на братот свој: така исчистете го злото од вас самите. И другите ќе чујат, па ќе се уплашат, и нема во иднина да прават такво зло при вас. Да не го поштеди окото твое: душа за душа, око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога. Каква штета некој ќе му направи на ближниот свој, таква да му се врати. »Кога ќе излезеш во војна против непријателите твои и ќе видиш коњи и многу луѓе, повеќе од тебе, не бој се од нив, бидејќи Господ, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската земја, е со тебе. Кога, пак, ќе влезете во борба, свештеникот нека се приближи и нека му зборува на народот, и да му каже: ‚слушај, Израиле, вие денес влегувате во бој против вашите напријатели, да не ослабува срцето ваше, не бојте се, не збунувајте се и не отстапувајте од нив, бидејќи Господ, вашиот Бог, оди со вас, за да се бори за вас против вашите непријатели и да ве спаси.‘ Надзорниците, пак, нека му речат на народот, и нека му кажат: ‚кој изградил нова куќа и не се вселил во неа, нека си оди и да се врати во домот свој, за да не умре во бојот, а друг да се настани во неа; и кој насадил лозје и не го обрал, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не умре во бојот, а друг да собере сѐ; и кој се свршил и не се оженил, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не умре во бојот, а друг да ја земе свршеницата негова.‘ Надзорниците нека му кажат уште на народот и нека му речат: ‚кој е плашлив и малодушен, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не ги направи плашливи срцата на браќата свои, како неговото срце.‘ Откако надзорниците ќе му го кажат тоа на народот, да изберат воени началници и водач на народот. Кога ќе се приближиш до некој град, за да го преземеш, предложи му мир. Ако се согласи на мир со тебе и ти ги отвори портите, целиот народ што се наоѓа во него, ќе ти плаќа данок и ќе ти работи. Ако, пак, не се согласи на мир со тебе, и почне да војува против тебе, опколи го; и, кога Господ, твојот Бог, ќе го предаде во рацете твои, погуби со сечилото на мечот сѐ што е машко кај него; само жените и децата, добитокот и сѐ што има во градот, запленете го за себе и користи се со пленот на непријателите свои, кои Господ, твојот Бог, ти ги предал. Така постапи со сите градови, што се многу далеку од тебе, а кои не се градови на тие народи. Но во градовите на оние народи, кои Господ, твојот Бог, ти дава да ја наследиш земјата нивна, не оставај ни една жива душа, туку предај ги на заклетва: Хетејците, Аморејците, Хананејците, Ферезејците, Јевусејците и Гергесијците, како што ти беше заповедал Господ, твојот Бог, за да не ве научат да ги правите сите нивни гнасотии, какви што им правеле тие на своите богови, за да не грешите и вие пред Господа, вашиот Бог. Кога опсадуваш долго време некој град, за да го преземеш и завладееш, не сечи ги дрвјата негови, кои се во шумата, туку користи ги плодовите нивни за храна, и не опустошувај ја околината, бидејќи дрвото во полето не е човек, за да избега од тебе во тврдината; но оние дрвја, за кои знаеш дека не даваат никакви плодови, можеш да ги повредуваш и сечеш и од нив да правиш скали за градот, кој ти објавил војна, сѐ додека не го покориш.« Ако во земјата, што Господ, твојот Бог, ти ја дава да ја наследиш, се најде убиен човек во полето, и не се знае, кој го убил, нека излезат твоите старешини и судии и нека го измерат растојанието од убиениот до градовите наоколу; и старешините на градот, кој е најблиску до убиениот, нека земат јуничка, кој не била спрегната и која не носела јарем, и старешините од тој град нека ја одведат таа јуничка во сув необработен и незасејуван дол, и таму во долот нека ја заколат јуницата; потоа нека пристапат свештениците, синовите Левиеви, бидејќи Господ, твојот Бог, нив ги избра да Му служат и да благословуваат од името Негово, и според зборовите нивни да се пресуди секоја расправија и секоја причинета штета, и сите старешини од тој град, најблискиот до убиениот, нека си ги измијат рацете над главата на јуницата каде што ѝ се пресечени жилите во долот, па да објават и да кажат: нашите раце на ја пролеаја оваа крв и нашите очи не видоа; милостив биди спрема луѓето Твои во Израилот, кој Ти, Господи, го изведе од Египетската земја, за да нема невина крв во Израилот. И тие ќе се очистат од крвта. Така треба да ја отстрануваш од себеси крвта на невиност, ако сакаш да правиш добро и угодно пред Господа, твојот Бог. Кога ќе излезеш во бој против непријателите свои, и Господ, твојот Бог, ќе ти ги предаде во рацете твои, и ти ќе ги заробиш нив, па видиш меѓу заробените жена убавица, и ја засакаш, и ќе посакаш да си ја земаш за жена, одведи ја во домот Твој, и нека ја истриже таа главата своја и нека ги исече ноктите свои, нека ја соблече ропската облека, нека живее во домот твој, и да го оплакува таткото свој и мајката своја цел месец; потоа можеш да влезеш при неа, и да ѝ станеш маж, и таа да ти биде жена. Ако, пак, отпосле таа не ти е по волја, отпушти ја, но не продавај ја за сребро, ниту ја имај за робинка, зашто ти си ја унижил. Ако некој има две жени – едната омилена, а втората несакана, па тие и двете му родат синови и ако првородениот син му е од несаканата жена, тогаш, при поделбата на имотот меѓу синовите, тој не може да даде првенство на синот од омилената жена, место на првородениот од несаканата, туку е должен да го признае за свој првенец синот од несаканата жена и нему да му даде двоен дел од сиот свој имот, бидејќи тој е почеток на неговата сила; нему му се паѓа правото на првородство. Ако некој има буен и непокорен син, којшто не го слуша гласот на својот татко и гласот на својата мајка, па иако го казнувале, тој пак е непослушен, тогаш татко му и мајка му нека го земат и одведат при старешините на градот и при вратите на своето местоживеење, па нека им кажат на градските старешини: »Овој наш син е буен и непокорен, не ги слуша нашите совети, расипник е и пијаница«; – тогаш сите мажи од градот негов нека го каменуваат до смрт; така исчистете го злото од самите себе, и другите ќе чујат и ќе се уплашат. Ако некој направи грев, што заслужува смрт, па биде умртвен, и ти го обесиш на дрво, телото негово да не преноќева на дрвото, туку погреби го истиот ден, зашто проклет е од Бога секој што виси на дрво, и не осквернувај ја земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство. »Ако видиш теле од братот твој или овца негова заскитана на пат, не оставај ги, туку потерај ги кај братот твој; ако, пак, братот твој, не е близу до тебе, прибери ги во домот твој, и нека останат кај тебе, додека братот твој не ги побара, и тогаш врати му ги; така постапувај со оселот негов, така постапувај со облеката негова, така постапувај со секоја загубена работа на братот твој, што тој ќе ја загуби, а ти ја најдеш: од тоа не смееш да се отклонуваш. Ако го видиш оселот на братот твој или телето негово, паднати на патот, не оставај ги, туку крени ги со него заедно. Жена не треба да носи машка облека, и маж не треба да се облекува во женска облека: секој, што го прави тоа, одвратен е пред Господа, твојот Бог. Ако најдеш на патот птичје гнездо на некое дрво или на земја, со птички или јајца, и мајката седи над птичките или на јајцата, не ја земај мајката заедно со малите: мајката пушти ја, а малите земи ги, за да ти биде добро, и да ти се продолжат деновите твои. Ако градиш нова куќа, направи околу неа ограда, за да не предизвикаш убиства, ако падне некој од неа. Да не садиш во лозјето твое лози различни, па да не се осветат плодот и семињата, со кои ќе го посееш плодот на лозјето твое. Да не ораш со јунец и осел заедно. Да не облекуваш облека, ткаена мешано од волна и лен заедно. Направи си рески на четирите краишта од наметката твоја, со која се наметнуваш. Ако некој земе жена, и влезе при неа, па ја намрази, и ја обвини за порочни дела и пушти лоши зборови за неа, и каже: ‚ја зедов оваа жена, влегов при неа, и не ја надов девица‘, тогаш таткото на момата и мајката нејзина нека ги земат и нека ги изнесат девствените белези на момата при старешините пред портата; и таткото на девојката нека им каже на старешините: ‚му ја дадов ќерката моја за жена на овој човек, а сега тој ја намрази, и ете, ја обвинува за порочни дела, велејќи: »не ја најдов ќерката твоја девица«; но еве ги девствените белези на ќерката моја.‘ И да ја распростре долната облека нејзина пред старешините од тој град. Тогаш градските старешини да го фатат мажот и да го казнат, и да го глобат со сто сикли сребро, и тоа да му го дадат на таткото од девојката, поради тоа што нанел зло на израилска девица; таа, пак, да си остане негова жена, и тој да не може да се разведе од неа преку целиот живот. Ако, пак, кажаното излезе вистина, и таа не биде најдена како девица, тогаш нека ја доведат момата пред вратата на таковата ѝ куќа, и градските мажи нака ја каменуваат до смрт, бидејќи извршила срамно дело во Израилот, го осквернила татковиот дом; така истребувајте го злото од себе. Ако некој биде фатен да лежи со мажена жена, тогаш и обајцата да бидат предадени на смрт: и мажот кој лежел со жената, и жената: така истребувајте го злото од Израилот. Ако некоја девица, свршена за маж, ја сретне некој во градот и легне со неа, тогаш и обајцата да ги доведете пред портата на тој град и да ги претепате со камења до смрт: момата поради тоа што не викала во градот, а мажот, поради тоа што ја осквернил свршеницата на ближниот свој: така истребувајте го злото од себе. Ако, пак, некој сретне во полето мома свршена, па ја силува, да биде погубен само мажот, кој лежел со неа, а на момата не правете ѝ ништо; кај момата нема грев за смрт: тоа е исто, како кога некој стане против ближниот свој и го убие; бидејќи тој ја сретнал во полето, а свршената мома и да викала, немало кој да ја спаси. Ако некој сретне девица несвршена, па ја силува, и ги затечат, – тогаш оној, што лежел со неа, да му даде на таткото од момата педесет дидрахми во сребро, а таа да биде негова жена, бидејќи тој ја осрамотил; преку целиот живот свој тој не може да се разведе од неа. Никој не смее да ја земе жената на таткото свој и да го открива крајот од покривката таткова.« Оној што е скопен или кастрен не влегува во општеството Господово: ниту син на блудница да влегува во Господовиот храм, ни десеттото колено негово. Амониец и Моавец не смее да влегува во храмот Господов; и дури ни десеттото колено нивно да не влегуваат во храмот Господов, па и довека, затоа што тие не ве престретнаа со леб и вода по патот, кога бевте излегле од Египет, и затоа што го наговорија против тебе Валаам Веоровиот син, од Месопотамија, за да те проколне. Но Господ, твојот Бог, не сакаше да го чуе Валаама и ја обрна Господ, твојот Бог, клетвата негова во благослов за тебе, бидејќи Господ твојот Бог те засака; не пожелувај им ни мир, ни добрина преку сите твои денови довека. Не гнаси се од Идумеец, бидејќи тој е твој брат; не гнаси се од Египтјанин, зашто ти беше придојден во земјата негова; Синовите нивни, родени во трето колено, можат да влезат во храмот Господов. Кога одиш во бој против непријателите свои, пази се од сѐ што е лошо. Ако кај тебе има некој нечист од ноќен излив, тој треба да излезе надвор од логорот и да не влегува во логорот; а вечерта да го измие телото свое со вода, и по зајдисонце нека влезе во логорот. Ти треба да имаш место надвор од станот, каде што ќе одиш сам; освен рилец во појасот, ти треба да имаш лопатка; па кога ќе одиш таму надвор, ископај со неа земја и потоа покри ја со неа нечистотијата своја, бидејќи Господ, твојот Бог, дојде во логорот твој, за да те избави и да ги предаде непријателите твои во твои раце; затоа логорот твој треба да биде свет, за да не види Он кај тебе нешто нечисто и да не се оттргне од тебе. Не предавај го робот на господарот негов, кога ќе избега при тебе од господарот негов; нека живее со тебе, меѓу вас нека живее во секое место, што ќе му биде угодно; не го оскрбувај. Блудница од Израилевите ќерки да нема, и блудник да нема од синовите Израилеви. Во домот на Господа, твојот Бог, не принесувај блудничка награда, ниту цена од пес, за никаков завет, бидејќи и едното и другото се одвратност пред Господа, твојот Бог. Не му давај на братот свој со лихва, ниту сребро, ниту храна, ниту нешто друго, што се дава во заем со лихва; на туѓинец давај му со лихва, а на братот свој не му давај со лихва; за да те благослови Господ, твојот Бог, во сите твои работи на земјата, во која одиш да ја наследиш. Ако Му дадеш завет на Господа, твојот Бог, бездруго исполни го, зашто Господ, твојот Бог, ќе го побара од тебе и врз тебе ќе падне грев; ако, пак, не си ветил, нема да имаш грев. Она што ќе излезе од устата твоја, запазувај го и исполнувај го, бидејќи со образ си Му ветил дар на Господа, твојот Бог, и доброволно си го кажал со устата своја. Ако влезеш во нивата на ближниот свој, земи класја во рацете свои, но срп да не земаш. Кога ќе влезеш во лозјето на ближниот свој, грозје можеш да јадеш колку што душата ти сака, но не клавај во садови. Ако некој земе жена и поживее со неа, но таа не добие милост во очите негови, бидејќи нашол кај неа срамна работа, па ѝ напише писмо за развод, и ѝ го даде во рацете нејзини, и ја испрати од куќата своја, а таа откако ќе излеззе од куќата негова, се омажи за друг, па, ако и тој маж ја намрази и ѝ напише писмо за развод, и ѝ го даде во рацете најзини, и ја испрати од куќата своја, или пак тој, вториот маж, што ја зел за жена, умре, – тогаш првиот маж нејзин, откако ја напуштил, не може пак да ја земе за жена по нејзиното осквернување, зашто тоа е одвратно пред Господа, твојот Бог: не осквернувај ја земјата, што ви ја дава Господ, вашиот Бог, во наследство. Ако некој скоро се оженил, нека не оди во војска, и да не му се наложува никаква работа; нека остане тој слободен во домот свој цела година и нека ја весели жената своја, што ја зел. Никој да не зема во залога ни горен ни долен воденички камен, бидејќи таквиот во залог зема душа. Ако биде фатен некој дека украл некого од браќата свои, од синовите Израилеви, и го заробил и го продал, таквиот злочинец да биде предаден на смрт: така истребувајте го злото од самите себе. При болеста лепра гледај внимателно да пазиш и да го исполнуваш целиот закон, што ќе ви го кажат свештениците левити; исполнувај го грижливо, она што сум ви го заповедал; помни, што ѝ направи Господ, твојот Бог, на Маријам по патот, кога бевте излегле од Египет. Кога ќе дадеш нешто во заем на ближниот свој, не оди дома кај него, за да земаш од него залог, туку почекај надвор, а човекот, кому си му дал заем, ќе ти го изнесе залогот надвор; ако е, пак, човекот сиромав, да не преноќева залогот негов кај тебе; врати му го залогот на зајдисонце, за да спие со облеката своја и да те благослови; тоа ќе ти се смета за милост пред Господа, твојот Бог. Не оставај го без награда бедниот и сиромавиот од твоите браќа или од придојдените, кои се во градовите твои; предај му ја наградата во истиот ден, пред да зајде сонцето, бидејќи тој е беден, и на неа се надева, за да не повика против тебе кон Господа, за да не падне гнев врз тебе. Татковците да не бидат осудувани на смрт заради децата, и децата да не бидат казнувани со смрт поради татковците; секој да биде казнет со смрт за својот грев. Не загорчувај го поминот на придојдениот, сиромавиот и вдовицата, и од вдовица не земај облека во залог; сети се, дека и ти беше роб во Египет, и Господ, твојот Бог, те ослободи оттаму: затоа и ти заповедам да ги исполнуваш овие наредби. Кога жнееш на нивата своја во твоето поле и заборавиш сноп на нивата твоја, не враќај се да го земеш: тој нека остане за придојдениот, и сиромавиот, и вдовицата, за да те благослови Господ, твојот Бог, во сите работи на рацете твои. Кога ги береш маслинките свои, не враќај се да ги добереш останатите: тие нека останат за придојдениот, сиромавиот и вдовицата. Па сети се дека и ти беше роб во Египетската земја: затоа и ти заповедам да го правиш ова. Кога го береш лозјето свое, не го бери докрај она што ќе остане по тебе: нека остане тоа за дојдениот, сиромавиот и вдовицата; и не заборави, дека и ти беше роб во Египетската земја: затоа и ти заповедам да го правиш ова. Кога има расправија меѓу луѓе, нека ги доведат во суд и да ги судат; правиот да го оправдаат, а виновниот да го осудат; а ако виновниот заслужува биење, да го легнат пред судиите и да го бијат поради вината негова. Можат да му се удрат четириесет стапа, но не повеќе, за да не се засрами братот твој пред тебе. Не врзувај уста на вол кога врши. Кога браќата живеат заедно, и едниот од нив умре без пород, жената на умрениот не смее да се омажи за надворешен човек, но деверот нејзин треба да влезе при неа, да ја земе за жена и да живее со неа, – и првородениот, што таа ќе го роди, да го носи името на умрениот брат, за да не се уништи името негово во Израилот. Ако, пак, тој не посака да ја земе за жена снаата своја, тогаш снаата негова да отиде кај портата пред старешините и да каже: »братот на мојот маж не сака да го подигне името на братот свој во Израилот, не сака да се ожени со мене.« И старешините на градот негов да го повикаат и да му зборуваат, и ако тој стане и каже: »не сакам да ја земам,« тогаш снаата негова нека дојде при него пред очите на старешините, да собуе еден чевел од неговата нога, да го плукне в лице и да каже: »така се постапува со човек, кој не го подига домот на братот свој во Израилот«; и ќе му извадат име во Израилот: »дом на собуениот,« Кога се тепаат меѓусебе двајца мажи, и жената на едниот од нив се приближи за да го отргне мажот свој од оној што го бие, и, откога ќе ја испружи раката своја, го фати за слабините, пресечи ѝ ја раката: да не ја пожали окото твое. Во торбата своја не смееш да имаш две мерила: големо и мало; во куќата твоја да немаш двојна мерка: тешка и лесна; мерило да имаш верно и праведно, и мерка да имаш точна и праведна, за да ти се продолжат деновите на земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава како дел; бидејќи одвратен е пред Господа, твојот Бог, секој што го прави ова и друга неправда. Помни, како постапи со тебе Амалик, по патот, кога бевте излегле од Египет; како тој ти се противстави по патот и ги погуби сите што заостанаа зад тебе од умор, кога ти беше алчен и изнемоштен, и не се уплаши од Бога. И така, кога Господ, твојот Бог, ќе те успокои од сите твои непријатели, што се околу тебе на земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава како дел за да ја наследиш, избриши го името на Амалик под небото; да не заборавиш. »Кога ќе дојдеш во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава како дел, и ќе ја наследиш и се населиш во неа, земи ги првините од плодовите на земјата твоја, која Господ, твојот Бог, ти ја дава, стави ги во кошница, и оди на она место, кое Господ, твојот Бог, ќе го одбере, за да се призива вечно името Негово таму; потоа оди при свештеникот, што се затекол во тие денови и кажи му: ‚денес изјавувам пред Господа, мојот Бог, дека влегов во земјата, за која Господ им се заколна на татковците наши дека ќе ни ја даде.‘ Свештеникот да ја земе кошницата од раката твоја и да ја стави пред жртвеникот на Господа, твојот Бог. Ти, пак, одговори и кажи пред Господа, твојот Бог: ‚мојот татко ја напушти Сирија и отиде во Египет и се насели таму со мал број луѓе, и од него произлезе таму народ голем, силен и многуброен. И Египтјаните се озлобија на нес, нѐ притиснаа и ни наложуваа тешка работа; тогаш ние Му се пожаливме на Господа, Бог на нашите татковци, и Господ ја чу нашата молба и ја виде бедата наша, маките наши и неволите наши; и нѐ изведе Господ од Египет. Сам со големата сила Своја, со силна рака и со цврста мишка, со виденија големи, со знаци и чудеса, па нѐ доведе на ова место и ни ја даде оваа земја, земја во која тече мед и млеко. И така, ете, ги донесов првините од плодовите на земјата, која Ти, Господе, ми ја даде, земјата, каде што тече мед и млеко.‘ Стави го тоа пред Господа, твојот Бог, поклони се пред Господа, твојот Бог, па развесели се потоа за сите добра, што Господ, твојот Бог, ти ги даде тебе, ти и домот твој, ти и левитот и придојдениот, што е кај тебе. Кога ќе ги одделиш сите десетоци од плодовите на земјата твоја во третата година, втората десетина дај ја на левитот, на придојдениот, на сиромавиот и на вдовицата, за да јадат во градовите твои и да се наситуваат. Тогаш кажи пред Господа, твојот Бог: ‚изнасобравме сѐ, што е свето во домот мој, и го дадов на левитот, придојдениот, сиромавиот и вдовицата, според сите Твои заповеди, како ми заповеда: јас не направив престап спрема Твоите заповеди и не ги заборавив; во тагата не јадев од нив, ниту одделив од нив за нечиста потреба, ниту дадов од нив за умрено; го послушав гласот на Господа, мојот Бог, исполнив сѐ како што ми заповеда Ти. Погледни од небото од Твојот свет храм и благослови го народот Свој, Израилот, и земјата, што ни ја даде, како што им се заколна на татковците наши дека ќе ни ја дадеш, земјата, во која тече мед и млеко.‘ Денес Господ, твојот Бог, ти заповеда да ги извршуваш сите овие наредби и закони: пази ги и исполнувај ги со сето срце свое и со сета своја душа. Денес си Го избрал Господа, Он да ти биде твој Бог, дека ти ќе одиш по Неговите патишта и ќе ги почитуваш наредбите Негови и ќе го слушаш гласот Негов; и Господ ве избра денес вие да Му бидете Негов избран народ, како што ти рече ако ги почитувате сите заповеди Негови, и дека Он ќе те постави погоре од сите народи, што ги создал прочуен, фален и славен, и дека вие ќе Му бидете свет народ на Господа, вашиот Бог, како што беше рекол.« Тогаш Мојсеј со старешините на синовите Израилеви му заповеда на народот, велејќи: »Пазете ги сите заповеди, што денес ви ги давам. И кога во оној ден ќе го минете Јордан во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава, како дел, постави си големи камења и обели ги со вар; и напиши ги на тие камења сите зборови од твојот закон, штом ќе го преминеш Јордан, за да влезеш во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава, во земјата, каде што тече мед и млеко, како што им беше говорел Господ, твојот Бог, на твоите татковци. Кога ќе го преминете Јордан, поставете ги тие камења, како што ви заповедам денес, на планината Гевал и обелете ги со вар; и изгради таму жртвеник на Господа, твојот Бог, жртвеник од камења; да не ставаш на нив железо; жртвеникот на Господа, твојот Бог, целиот изгради го од камења и принесувај врз него сепаленици на Господа, твојот Бог; принесувај и жртви за спасение, и јади и наситувај се таму, и весели се пред Господа, твојот Бог; и врз тие камења напиши го многу јасно целиот овој закон.« Тогаш Мојсеј со свештениците левити му рече на целиот Израил, велејќи: »Внимавај и слушај, Израиле: ти денес стана народ на Господа, твојот Бог. И така, слушај го гласот на Господа, твојот Бог, и извршувај ги сите Негови заповеди и наредби, што ти ги заповедам денес.« И во тој ден му заповеда Мојсеј на народот, велејќи: »Кога ќе го минете Јордан, овие треба да застанат на планината Гаризим, за да го благословат народот: Симеон, Левиј, Јуда, Исахар и Венијамин; а на планината Гевал да застанат за да искажат проклетство овие: Рувим, Гад, Завулон, Дан и Нефталим. Левитите да го известат народот и да им кажат на сите Израилци со висок глас: ‚проклет да е оној човек, што ќе направи изрезан или излиен идол, одвратност пред Господа, работа на уметнички раце, па го става на скришно место! Целиот народ да биде известен и нека рече: амин! Проклет да е оној, што го навредува таткото свој или мајката своја! И целиот народ да каже: амин! Проклет да е оној, кој ја поместува меѓата на ближниот свој! И целиот народ нека рече: амин! Проклет да е оној, кој отстранува слеп човек од патот! И целиот народ нека каже: амин! Проклет да е оној, кој криво суди придојден, сиромав или вдовица! И целиот народ нека рече: амин! Проклет да е оној, кој ќе легне со жената на таткото свој, зашто тој го открил крајот од покривката на таткото свој! И целиот народ да каже: амин! Проклет да е оној, кој ќе легне со каков и да било добиток! И сиот народ нека рече: амин! Проклет да е оној, кој ќе легне со сестрата своја, со татковата ќерка, или со мајкината ќерка! И целиот народ да каже: амин! Проклет да е оној, кој ќе легне со тештата своја! И целиот народ нека рече: амин! Проклет да е оној, кој ќе легне со сестрата на жената своја! И целиот народ да каже: амин! Проклет да е оној, што ќе го убие тајно ближниот свој! И целиот народ да каже: амин! Проклет да е оној, што зема поткуп, за да погуби душа и да пролее крв невина! И целиот народ нека рече: амин! Проклет да е секој, кој не ќе ги исполни сите наредби од оној закон и не ќе постапи според нив! И целиот народ да каже: амин!‘ Откако ќе минете од онаа страна на Јордан, во земјата, која Господ, вешиот Бог, ви ја дава, ако го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, ги пазиш и ги извршуваш сите заповеди Негови, кои денес ти ги заповедам, тогаш Господ, твојот Бог, ќе те постави погоре од сите народи на земјава; и ќе се пренесат на тебе сите овие благослови и ќе се исполнат, ако го слушаш гласот на Господа, твојот Бог. Благословен ќе бидеш во градот и благословен во полето. Благословен ќе биде плодот на твојата утроба, и плодот на земјата твоја, и плодот на добитокот твој, и плодот на воловите твои, и плодот на овците твои. Благословени ќе бидат житниците твои и оставите твои. Благословен ќе бидеш, кога влегуваш, и благословен – кога излегуваш. Господ нека ги порази пред тебе непријателите твои, кои се креваат против тебе; по еден пат ќе навлезат тие против тебе, а по седум патишта да избегаат од пред тебе. Господ да ти испрати благослови на твоите плодови и на секоја работа на твоите раце; и на земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава. Господ, твојот Бог, нека те постави за Свој свет народ, како што ти се беше заколнал тебе и на татковците твои, ако ги извршуваш заповедите на Господа, твојот Бог, и одиш по патиштата Негови. И тогаш ќе видат сите народи на земјата, дека името на Господа, твојот Бог, ти е дадено тебе, и ќе се уплашат од тебе. И Господ, твојот Бог, нека ти даде изобилство во сите блага, во плодот на твојата утроба, во плодот на добитокот твој и во плодот на нивите твои на земјата, за кои Господ им се беше заколнал на твоите татковци дека ќе ти ги даде. И Господ нека ти го отвори доброто Свое сокровиште, небото, за да дава тоа на време дожд на земјата твоја и да ги благословува сите работи на рацете твои: и ќе им даваш на заем на многу народи, а ти самиот нема да земаш на заем; и ќе владееш над многу народи, а тие над тебе нема да владеат. Господ, твојот Бог, да те направи глава, а не опашка, и да бидеш само на високо, а не на ниско, ако ги пазиш заповедите на Господа, твојот Бог, кои ти ги заповедам денес да ги почитуваш и исполнуваш, и ако не отстапуваш од сите зборови, што ти ги заповедам денес, ни надесно, ни налево, и ако не тргнеш по други богови за да им служиш. Ако, пак, не го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, и не ги пазиш и не ги исполнуваш сите Негови заповеди и наредби, што ти ги заповедам денес, ќе паднат врз тебе и ќе се збиднат сите овие проклетства. Проклет ќе бидеш во градот и проклет ќе бидеш во полето. Проклети ќе бидат твоите житници и твоите остави. Проклет ќе биде плодот на утробата твоја и плодот на земјата твоја, плодот на говедата твои и плодот на стадата овци твои. Проклет ќе бедеш, кога влегуваш, и проклет кога излегуваш. Нека ти испрати тогаш Господ скудност, глад и уништување на секоја работа на рацете твои, каква и да вршиш, додека не те истреби, – и додека наскоро не те погуби поради твоите лоши дела, зашто си Ме оставил. Господ нека испрати тогаш врз тебе и помор, додека не те истреби од земјата, во која одиш да ја наследиш. Нека те порази Господ со истоштувања и огнови, со треска и воспаление, со суша, со топол ветер и гламја по житата, и тие ќе те гонат додека не загинеш. И небото над главата твоја ќе стане бакар, а земјата под тебе – железо; наместо дожд Господ нека ѝ даде на замјата пепел, и земја од небото ќе паѓа, ќе паѓа врз тебе, додека не те истошти, додека не те истреби. Нека те предаде Господ на непријателите твои, за да те поразат; по еден пат ќе излезеш против нив, а по седум патишта ќе бегаш од нив; и ќе бидеш расеан по сите земни царства. Твоите трупови ќе станат храна на сите птици небески и на ѕверовите, и не ќе има кој да ги истера. Нека те порази Господ со египетската лепра по домовите, со дива краста и јадеж, од кои не ќе можеш да се исцелиш; нека те порази Господ со беснило, слепило и слабоумност. И ќе одиш дење со пипање, како што оди слепиот со пипање во темнината, и патот твој нема да биде прав, и ќе бидеш тогаш секогаш навредуван и ограбуван, и не ќе има кој да ти помогне. Ќе земеш жена, и друг ќе ти ја земе; куќа ќе изградиш, и нема да живееш во неа; лозје ќе насадиш и нема да го обереш. Телето твое пред тебе ќе го заколат, и нема да јадеш од него, оселот ќе ти го грабнат, и нема да ти го вратат; овците твои ќе бидат дадени на непријателите твои и ќе нема никој да ти помогне. Синовите твои и ќерките твои ќе бидат предадени на друг народ; очите твои ќе гледаат и ќе чезнеат по нив, но нема да имаш сила во рацете свои. Плодовите на земјата твоја и целиот труд твој ќе го јаде народ, кого ти не го познаваш: и ќе бидеш само навредуван и измачуван преку сите денови. Ќе бидеш избезумен од тоа, што ќе го гледаат очите твои. И нека те порази Господ со лоша повреда, во колената и на листовите, од кое не ќе можеш да се излекуваш, од стапалата на нозете твои и дури до главата твоја. Господ нека те одведе тебе и кнезовите твои, што си ги избрал, при народ, кого не си го познавал ниту ти, ниту татковците твои, и таму ќе служиш на други богови, дрвени и камени; и ќе станеш таму за чудо, приказ и подигравка кај сите народи, кај кои Господ Бог ќе те одведе. Многу семе ќе фрлиш во нивата, а малку ќе собираш, зашто ќе го јадат скакулци. Лозје ќе садиш и ќе го работиш, и вино нема да пиеш и нема да се веселиш од него, зашто црв ќе го јаде. Маслини ќе имаш во сите твои предели, но со елеј нема да се помажеш, бидејќи маслинките твои ќе паѓаат. Синови и ќерки ќе родиш, но тие нема да останат при тебе, зашто во плен ќе отидат. Сите твои дрвја и сите жита на земјата твоја гламја ќе ги уништи. Придојдениот, кој е кај тебе, ќе се издига над тебе сѐ повисоко, и ти ќе паѓаш сѐ пониско; тој ќе ти дава на заем, а ти нема да му даваш на заем; тој ќе биде главата, а ти ќе бидеш опашката. Ќе дојдат врз тебе сите овие клетви, ќе те гонат и ќе те стигнат, дедека не те уништат, затоа што не го послуша гласот на Господа, твојот Бог, и не ги запази заповедите и наредбите Негови, што ти ги беше заповедал; тие ќе бидат врз тебе и твоето потомство знак и чудо довека. Зашто ти не Му служеше на Господа, твојот Бог, со весело и радосно срце, поради изобилството во сѐ. ти ќе му служиш на непријателот свој, што ќе ти го испрати Господ, твојот Бог, во глад и жед, во голотија и во секаква скудност; тој ќе ти става на вратот железен јарем, додека не те уништи. Ќе испрати Господ против тебе народ од далеку, од крајот на земјата; како орел ќе се спушти народот чиј јазик ти не го разбираш. народ бездушен, кој не сака ни старо да почитува, ниту младо да помилува, и ќе го изеде тој плодот од добитокот твој и плодот од земјата твоја; нема да ти остави ни жито, ни вино, ни елеј, ниту од говедата твои, ниту од овците твои, додека не те погуби; и ќе те притеснува во сите твои градови, додека не ги разруши во твојата земја твоите високи и јаки ѕидови, на кои ти се надеваш; и ќе ти нанесе зло во сите твои градови во целата твоја земја, која Господ, твојот Бог, ти ја даде. И ти ќе ги јадеш чедата од утробата своја, плотта на синовите и ќерките свои, кои Господ, твојот Бог, ти ги даде, во теснотијата твоја и во жалоста твоја, во која ќе те стави непријателот твој. Мажите и младите при вас многу ќе му позавидат на братот свој, на саканата жена и на другите деца свои што му останале, и нема да му даде на ниеден од нив плот од децата свои, кои тој ќе ги јаде, зашто нема да му остане ништо друго во притеснетоста и во жалоста, во кои ќе те постават непријателите твои во сите твои градови. Жена нежна и млада, убава меѓу вас, која поради убавината и младоста никогаш со нога не стапнала на земјата, со безмилосно око ќе гледа на саканиот маж свој, на синот свој, на ќерката своја, и нема да им го даде последокот, што излегува меѓу бедрата нејзини, на децата, што ги родила; зашто, при скудноста во сѐ, таа ќе ги јаде тајно, во притеснетоста во која ќе те стави напријателот твој во твоите градови. Ако не ги пазиш и исполнуваш сите зборови од законот, напишани во оваа книга, и не се боиш од ова чесно и чудесно име на Господа, твојот Бог, Господ ќе те порази тебе и твоето потомство со необични порази, со порази големи и трајни, и со болести лоши и долги; и ќе ги навлече врз тебе сите лоши болести египетски, од кои се плашеше, и тие ќе се залепат за тебе; и секаква слабост и секаква рана незапишана и секаква запишана во книгата на овој закон, Господ ќе испрати врз тебе, додека не те истреби; и ќе останете на број малкумина, а не како кога бевте многубројни колку и ѕвездите небески, бидејќи не го слушавте гласот на Господа, вашиот Бог. И како што Господ се радуваше, кога ви правеше добро и ве умножуваше, така ќе се радува Господ, кога ќе ве погубува, и ќе бидете изгонети од земјата, во која одиш ти, за да ја наследиш. И ќе те расее Господ, твојот Бог, по сите народи, од крајот на земјата до крајот на земјата, и таму ќе им служиш на други богови, кои не си ги знаел, ниту ти, ниту татковците твои, на дрво и на камен ќе им служиш. Но и меѓу тие народи нема да те успокои, ниту ќе има место, каде и да стапи ногата твоја; и таму Господ ќе го нажали срцето твое и ќе прати кратковидост на очите твои и душата твоја да гине; животот твој ќе виси пред тебе, и ќе се плашиш и дење и ноќе и нема да бидеш сигурен за животот свој; од стравот во срцето свое ќе се плашиш, и од видот на очите твои, па наутро ќе кажеш: ‚о, што поскоро да се стемни!‘, а навечер ќе велиш: ‚о, што поскоро да се осамне!‘ И Господ ќе те врати во Египет на кораби по оној пат, за кој што ти кажав: ‚ти нема повеќе да го видиш‘; и таму ќе бидете продавани на непријателите свои како робови и робинки, но ќе нема кој да ве купи.« Тоа се зборовите на заветот, што Господ му заповеда на Мојсеја да го склучи со синовите Израилеви во Моавската земја, освен заветот што Господ го склучи со нив на Хорив. Тогаш Мојсеј ги повика сите синови Израилеви и им кажа: »Вие видовте сѐ, што направи Господ пред очите ваши во Египетската земја со Фараонот и со сите негови слуги и со целата земја негова; имаше искушенија големи, што ги видоа очите твои, и големи знаци и чудеса од силната рака и цврстата мишка Негова, но и до ден денес Господ Бог не ви даде срце за да разберете, очи да видите и уши да чуете. Четириесет години ве водев по пустињата, и облеката не изветве на вас, и обувките не се искинаа на нозете ваши; леб не јадевте, вино и сикер не пиевте, за да познаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог. И кога дојдовте до ова место, излезе во борба против вас есевонскиот цар Сион и васанскиот цар Ог, но ние ги поразивме и им ја зедовме земјата нивна и Јас им ја дадов во дел на Рувимовото и Гадовото племе, и половината на Манасиевото племе. Пазете ги сите зборови на овој завет и исполнувајте ги, за да имате на ум сѐ, што правите. Сите вие застанавте денес пред Господа, вашиот Бог, началници на племињата ваши, старешините ваши, судиите ваши, надзорниците ваши, сите мажи Израилеви, децата ваши, жените ваши и придојдените, кои се во вашата населба, од дрварот ваш до водоносецот ваш, за да влезете во заветот на Господа, вашиот Бог, и во клетвениот договор со Него, кога Господ, твојот Бог, денес го склучува со тебе, за да те направи денес Свој народ, и да ти биде Бог, како што им се заколна на татковците твои Авраама, Исака и Јакова. Не само вам единствени ви го заветувам овој завет и овој договор со клетва, туку и на оние што денес не стојат овде со нас пред Господа, нашиот Бог. Зашто вие знаете, како живеевме во Египетската земја и како одевме сред народите, низ кои минавте, и ги видовте одвратностите нивни и идолите нивни, дрвени и камени, сребрени и златни, што се кај нив. Да нема меѓу вас маж или жена, дом или племе, чие срце би се отстранило од Господа, вашиот Бог, та да оди да им служи на боговите на оние народи; да нема меѓу вас корен, што ќе дава пелин и отров; и ако некој, кој, откако ќе ги чуе зборовите на оваа клетва, се пофали во срцето свое и каже: ‚добро ќе ми биде, иако одам по желбите на срцето свое‘; така грешникот нема да го погуби безгрешниот со себе. На таков Господ нема да му прости, но гневот и ревноста на Господа ќе се разгорат против тој човек, а врз него ќе падне целата клетва од овој завет, напишан во овој закон, и Господ ќе го избрише името негово под небото; и ќе го оддели Господ од сите племиња Израилеви за погубување, според сите клетви на заветот, напишан во овој закон. Тогаш подоцнежното поколение, децата ваши што ќе настанат по вас, и туѓинецот, што ќе дојде од далечна земја, откако ќе ги видат поразиите на таа земја и болестите што Господ ги испратил врз неа, ќе речат: сулфур и сол, е целата земја; на неа не може да се сее, ниту ќе роди, ниту ќе никне на неа некаква трева, како што стана во Содом, Гомор, Адма и Севоим, кои Господ ги опсипа со гневот Свој и јароста Своја. Тогаш ќе кажат сите народи: ‚Зошто Господ постапил така со таа земја? Колку голема е јароста на гневот Негов!‘ И ќе одговорат: ‚Затоа што го оставија заветот на Господа, Бог на татковците свои, што им го вети на татковците нивни, кога ги изведе од Египетската земја, и отидоа да им служат на други богови и да им се поклонуваат ним, кои тие не ги знаеја, и кои Он не им ги беше одредил. Поради тоа се разгори гневот на Господа врз таа земја, и Он ги испрати врз неа сите клетви на заветот, напишани во оваа книга на законот; и ги сотре Господ од земјата нивна во гнев, јарост и голема лутина, и ги исфрли на друга земја, како што денес гледаме.‘ Она што е тајно, му припаѓа на Господа, нашиот Бог, а она што е јавно – нам и на синовите наши довека, за да ги извршуваме сите зборови на овој закон.« »Кога ќе се збиднат врз тебе сите тие зборови – благословите и клетвите, што ти ги изложив, и ти ги земеш при срце кај сите народи, меѓу кои ќе те растури Господ, твојот Бог, и од сето срце и од сета душа своја ќе се обрнеш кон Господа, твојот Бог, и ќе го послушаш гласот Негов ти и синовите твои, како што ти заповедам денес, – тогаш Господ, твојот Бог, ќе ти ги прости сите твои гревови, ќе се смили над тебе, и пак ќе те собере од сите народи, меѓу кои те растурил Господ Бог, таму. Макар и да бидеш растурен од крајот на небото дури до крајот на небото и оттаму ќе те собере Господ, твојот Бог, и оттаму ќе те земе, и оттаму ќе те доведе Господ, твојот Бог, во земјата, што ја владееле твоите татковци, и ќе ја наследиш, и ќе ти направи Господ добро и ќе те умножи повеќе од татковците твои; и ќе го очисти Господ срцето твое и срцето на потомството твое, за да Го сакаш Господа, твојот Бог, од сѐ срце и со сета душа своја, и да живееш; тогаш, Господ, твојот Бог, ќе ги префрли сите овие клетви на непријателите твои и на оние, што те мразеа и што те гонеа; а ти ќе се обратиш и ќе го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, и ќе ги исполнуваш сите заповеди Негови, што ти ги заповедам денес; и ќе те благослови Господ, твојот Бог, во секоја работа на рацете твои, во плодот на утробата твоја, во плодот на добитокот твој, во житата на земјата твоја; зашто Господ, твојот Бог ќе се сврти кон тебе и ќе ти се радува повторно на тебе, правејќи ти добро, како што се радуваше на татковицте твои, само ако го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, и ги извршуваш сите заповеди и наредби Негови и повелби Негови, напишани во книгата на овој закон, и ако се свртиш кон Господа, твојот Бог, со сето срце свое и со сета душа своја. Зашто оваа заповед, што денес ти ја давам, не е тешка за тебе, ниту далеку од тебе. Таа не е на небото за да може да се каже: ‚кој од нас би се воздигнал на небото и би ни ја земал и донел да ја чуеме, та да ја исполниме?‘; ниту е преку море, за да може да се кажи: ‚кој од нас би отишол преку море и би ни ја земал и дал да ја чуеме, та да ја исполниме?‘ Но оваа заповед е многу блиска до тебе, таа е во устата твоја и во срцето твое, за да ја исполнуваш. Ете, јас денес ти предложив живот и добро, смрт и зло. Ако ги слушаш заповедите на Господа, твојот Бог, што денес ти ги давам, – да Го сакаш Господа, твојот Бог, да одиш по сите патишта Негови и да ги извршуваш заповедите и законите Негови, – тогаш ќе живееш и ќе се намножиш, и Господ, твојот Бог, ќе те благослови во земјата, во која одиш, за да ја наследиш; ако, пак, се одврати срцето твое, и не послушаш, и се заблудиш, па почнеш да им се клањаш на други богови и да им служиш, тогаш, ви јавувам денес, дека ќе загинете и нема долго да останете на земјата, која Господ Бог ти ја дава, откога ќе го минете Јордан, за да ја наследите таму. Ви сведочам денес со небото и со земјата: живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое: да Го сакаш Господа, твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се приврзеш кон Него, зашто тоа е твојот живот и долгоденствие; така ти ќе живееш на земјата, за која Господ Бог им се беше заколнал на татковците твои – Авраама, Исака и Јакова, дека ќе им ја даде.« Откако заврши Мојсеј да им ги кажува тие зборови на сите синови Израилеви, им рече: ‚Сега сум на сто и деведесет години; не можам веќе да излегувам и да влегувам, и Господ ми рече: – ти нема да ја минеш реката Јордан –;‘ Господ, твојот Бог, Сам ќе тргне пред тебе; Он ќе ги истреби тие народи пред тебе, и ти ќе ги наследиш; Исус ќе тргне пред тебе, како што рече Господ; и ќе постапи Господ со нив така како што постапи со Сиона и со Ога, цареви Аморејски, кои беа од оваа страна на Јордан, и со земјите нивни, кои Он ги уништи; и ќе ви ги предаде Господ, и вие ќе постапите со нив според сите заповеди, што ви ги дадов. Бидете цврсти и храбри, не бојте се, не ужасувајте се, ниту се плашете од нив, зашто Господ, твојот Бог, Самиот ќе тргне пред вас, и нема да отстапи од тебе и нема да те остави. Тогаш Мојсеј го повика Исуса и пред сите Израилци му кажа: »Биди цврст и храбар, зашто ти ќе влезеш со овој народ во земјата, за која Господ им се заколна на татковците ваши дека ќе им ја даде, и ти ќе им ја разделиш со жреб. И Господ ќе тргне со тебе, ќе биде со тебе, нема да отстапи од тебе и нема да те остави: не плаши се и не ужасувај се.« И ги напиша Мојсеј овие заповеди од законот и им го предаде на свештениците, синови Левиеви, кои го носеа ковчегот на заветот Господов, и на сите старешини на Израилевите синови. И им вети Мојсеј и им рече »По седум години, во прошталната година, на празникот Сеници, кога целиот Израил ќе дојде да се јави пред Господа, твојот Бог, на место што ќе го одбере Господ, прочитајте го гласно овој закон пред целиот Израил; собери го народот, мажите, жените, децата и придојдените свои, што се наоѓаат во градовите ваши, за да чујат и да се научат да се плашат од Господа, вашиот Бог, и да пазат да ги исполнуваат сите заповеди од овој закон; и синовите нивни, кои не го знаат тоа, ќе чујат и ќе се научат да се плашат од Господа, вашиот Бог, преку сите денови, додека живеете во земјата, за која ќе го минете Јордан, за да ја наследите.« И му рече Господ на Мојсеја: »Ете, твоите денови се приближија до смртта твоја; повикај го Исуса, и застанете пред влезот во скинијата на сведоштвото, и Јас ќе му дадам заповед!« И дојде Мојсеј со Исуса, и застана пред влезот од скинијата на сведоштвото. И се јави во скинијата Господ во облаков столб, и застана облаковиот столб при влезот од скинијата на сведоштвото. И му рече Господ на Мојсеја: »Ете, ти ќе се прибереш кај татковците свои, а овој народ ќе почне да се заблудува по туѓите богови на онаа земја, во која оди, ќе Ме остави и ќе го наруши заветот Мој, што им го ветив; и ќе се разгори јароста Моја против него во овој ден, а Јас ќе ги оставам и ќе го свртам лицето Свое од нив, и тој ќе биде истребен, и ќе го снајдат многу несреќи и жалости, и ќе речат во тој ден: ‚бидејќи не е Господ Бог во нас, нѐ снајдоа овие зла.‘ А Јас со одвратност ќе го свртам лицето Мое од нив во оној ден поради сите нивни беззаконија, што ќе ги направат, бидејќи ќе се обрнат кон туѓи богови. И така, напишете ги зборовите на таа песна, научете ги синовите Израилеви на неа и стаевте има ја во устата нивна, за да Ми биде таа песна сведоштво во синовите Израилеви; зашто Јас ќе ги воведам во добра земја, каде што тече мед и млеко, како што им се заколнав на татковците нивни дека ќе им ја дадам; тие ќе јадат, и откако ќе се наситат, ќе се обрнат кон туѓи богови и ќе им служат, а Мене ќе ме разгневат и ќе го нарушат заветот Мој, што им го ветив; и кога ќе ги снајдат многу несреќи и жалости, таа песна ќе биде против нив како сведоштво, бидејќи таа нема да излезе од устата нивна и од устата на потомството нивно. Јас им ја знам злобата нивна сега, уште пред да ги воведам во добрата земја, за која им се заколнав на татковците нивни.« И во оној ден ја напиша Мојсеј таа песна и ги научи синовите Израилеви на неа. И му заповеда Мојсеј на Исуса, синот Навинов, и му рече: »Биди цврст и храбар, зашто ти ќе ги воведеш синовите Изриалеви во земјата, за која им се заколна Господ, и Он ќе биде со тебе.« А кога Мојсеј ги напиша во книга сите зборови од овој закон дури до крајот, им заповеда на левитите, кои го носеа ковчегот на заветот Господов, велејќи: »Земете ја оваа книга на законот и ставете ја покрај ковчегот на заветот Господов, вашиот Бог, и таа ќе биде таму како сведоштво; зашто јас ја знам твојата упорност и жестоката тврдоглавост; ете и сега, кога живеам со вас, вие сте упорни пред Господа, а колку повеќе по смртта моја? Соберете ги при мене сите ваши началници на племињата, старешините, судиите и надзорници свои, и јас ќе им ги кажам гласно овие зборови, а сведоци ќе ми бидат небото и земјата зашто знам, дека по смртта моја вие ќе вршите беззаконија и ќе отстапите од патот, што ви го заповедав, и подоцна ќе ве снајдат незгоди, затоа што ќе правите зло пред Господа Бога, разгневувајќи Го со делата на рацете ваши.« И Мојсеј ги кажа гласно пред целото израилско собраните зборовите на таа песна до крај »Внимавај, небо, јас ќе говорам; и нека ги слуша и земјата зборовите од устата моја. Да се разлее како дожд заветот мој, како роса да паднат зборовите мои, како пороен дожд на троскот и како слана на сено. Името Господово ќе го призовувам; воздајте Му слава на нашиот Бог! Он е тврдина; делата Божји се вистина, а сите патишта Негови се праведни; Бог е верен и неправда нема (во Него); Он е праведен и вистинит; но тие станаа и згрешија пред Него, тоа не се Негови деца поради пороците свои; род дрзок и развратен. Тоа ли Му го воздавате на Господа, народе глупав и безумен? Нели е Он твој Отец, Кој те создаде, те усвои и те издигна? Сети се на старите денови, помисли за годините на поранешните поколенија; прашај го татка си – и тој ќе ти каже, старците свои – и тие ќе ти речат. Кога Севишниот го разделуваше наследството на народите и ги расејуваше синовите Адамови, тогаш стави граници меѓу народите според бројот на ангелите Божји, зашто делот на Господа е Неговиот народ; Јаков е наследството Негово. Он го најде во пустиња, во земја везводна, го заштитуваше, се грижеше за него, го чуваше како зеница на окото свое; како што орелот го покрива гнездото свое, и сакајќи ги орлињата, ги раширува крилјата свои, ги зема и ги носи на педувите свои, така Господ Сам ги водеше нив, и немаше со Него туѓ бог. Он ги искачи на земната височина, ги заситуваше со полски жита и ги хранеше со мед од камен и елеј од тврда карпа; со кравјо масло и овчо млеко, и со лој од јагнињата, од овците, од јунците, и од козлите, со најдобро жито, и тие пиеја вино, крв од грозје. И јадеше Јаков и се насити, но се одврати од таа љубов, и откако се прошири, Го остави Бога, Кој го создаде, и отстапи од Бога, Спасителот свој. Со туѓи богови Ме раздразнија и со одвратности свои Ме загорчија: им принесуваа жртва на бесовите, а не на Бога; на боговите, што не ги познаваа, на боговите нови и непознати, кои татковците нивни не ги виделе. А хранителот, кој те родил, ти Го остави, и Бога, Кој те создал, Го заборави. И Господ виде, па се налути и се раздразни поради гревот на синовите Свои и ќерките Свои, и рече: ‚Ќе го свртам лицето Свое од нив и ќе им го покажам крајот нивни: бидејќи тие се развратен род, синови, во кои нема вера; тие Ме раздразнија со она што не е Бог туку со своите Идоли Ме наскрбија: и Јас ќе ги раздразнам со она што не е народ, туку со народ неразбран ќе ги наскрбам; зашто оган се разгори од јароста Моја; тој нагорува сѐ до пеколот вечен, ја јаде земјата и житата нејзини, ги изгорува основите на планините; ќе нафрлам врз нив зла и ќе ги вперам против нив стрелите Мои: тие ќе се истоштуваат од глад, ќе ги јадат птици и неизлечиви болести, и ќе испратам против нив ѕверски заби и отров од земни влекачи; од оваа страна ќе ги погубува меч, а во домовите нивни – ужас, поразувајќи младич и девојка и дете доенче и побелен старец. Јас бев рекол: ќе ги расеам и ќе го избришам споменот нивни меѓу луѓето; но го одложив тоа поради озлобеноста на непријателите, за да не живеат долго, се возгордеат, па да речат: »нашата рака е висока, и не го направи сево ова Господ.«‘ Зашто тие се народ, што го изгубил расудувањето и нема разум. О, да беа расудувале, помислиле на годините што идат, и да беа разбрале што ќе стане со нив! Како би можел еден да гони илјади и двајца десет илјади, ако нивниот Бог не би ги предал, и Господ не би ги дал! Зашто нивните богови не се како нашиот Бог, нашите непријатели се неразумни. Зашто лозјето им е од содомска лоза, а прачките од Гомор; грозјето им е отровно грозје, гроздовите им се горчливи; виното им е змијски отров и смртоносен аспиден отров. Не е ли сето тоа сокриено во Мене? Не е ли запечатено во Моите сокровишта? Ќе објавам ден за одмазда, и тоа во она време кога ќе им се соблазни ногата нивна, зашто денот на загинувањето нивно е блиску, брзо ќе настапи подготвеното за нив. Но Господ ќе му суди на Својот народ, и ќе се смили над робовите Свои, кога ќе ги види ослабени, истоштени и изнемоштени. И ќе рече тогаш Господ: ‚Каде се боговите нивни, на кои се надеваа? Лој од жртвите нивни јадевте и вино од преливите за нив пиевте, камо да воскреснат, па да ви помогнат и да ви бидат покровители? И ете, видете сега дека тоа сум Јас; Јас сум и нема Бог, освен Мене: Јас уништувам и оживувам, Јас ранувам и Јас лекувам, и нема кој може да земе од раката Моја. Ќе ја кренам кон небото раката Моја и се колнам во десницата Моја и велам: – жив сум довека! Кога ќе го наострам Мојот блескав меч, и раката Моја го прими судот, ќе им се одмаздам на непријателите Мои и ќе им платам на оние што Ме мразат; ќе ги напојам стрелите Свои со крв, и мечот Мој ќе се насити со месо, со крвта од убиените и заробените, од главите на непријателските кнезови.‘ Веселете се, небеса, заедно со Него, и поклонете Му се, сите ангели Божји. Веселете се, незнабошци, со Неговиот народ и нека се закрепнат сите синови Божји! Зашто Он ќе се одмазди за крвта на синовите Свои, ќе им се одмазди на непријателите Свои, и ќе им плати на оние, што Го мразат, и ќе ја очисти Господ замјата Своја и народот Свој!« И во тој ден ја напиша Мојсеј таа песна и ги научи синовите Израилеви на неа. И се приближи Мојсеј до народот и ги кажа гласно сите зборови од овој закон пред народот, тој и Исус Навин. Откако Мојсеј ги кажа сите тие зборови пред целиот Израил, им рече: »Внесете ги во срцето сите зборови, што ви ги кажав денес, и заповедајте им на децата ваши, да ги пазат и да ги исполнуваат сите зборови од овој закон; зашто тие не се за вас празни зборови, туку ваш живот, и преку нив ќе живеете долго време на земјата, за која одите преку Јордан да ја наследите.« И во истиот тој ден му зборуваше Господ на Мојсеја и му рече: »Искачи се на планината Аварим, тоа е планината Нево, во Моавската земја, спроти Јерихон, и погледни ја Хананската земја, што им ја давам на синовите Израилеви во владение; и умри на планината, на која ќе се искачиш и прибери се при народот свој, како што умре братот твој Арон, на планината Ор, и се прибра при народот свој, затоа што не ги послушавте заповедите Мои пред синовите Израилеви кај водите во Кадис, во пустињата Син, зашто не ја почитавте светоста Моја меѓу синовите Израилеви; ти само ќе ја видиш земјата, но нема да влезеш таму, – во земјата, што им ја давам на синовите Израилеви.« Ова се благословите, со кои Мојсеј, човек Божји, ги благослови синовите Израилеви пред смртта своја. И тој рече: »Господ дојде од Синај, ни се јави нам во Сир, се покажа од планината Фаран и пристигна со десетици илјади светии; а од десната страна со Него беа ангели. И ги заштити луѓето свои и сите светии се во Твои раце, и тие паднаа пред Твоите нозе. И тие ги примија зборовите од овој закон, што ни го објави нам Мојсеј, наследството на народот од Јакова. И тој беше омилен цар израилски кога се собираа народните кнезови заедно со Израилевите племиња. Да живее Рувим и да не умира, и Симеон да биде многуброен!« А за Јуда го кажа ова: »Чуј го, Господи, гласот на Јуда и биди при народот негов; да се заштити со рацете свои, а ти биди помошник против непријателите негови.« И за Левиј рече: »Твојот ‚тумим‘ и ‚урим‘ е на светиот маж Твој, кого Ти го укори кај водата на расправии, кој им рече на татка си и на мајка си: ‚јас не те видов‘, и браќата свои не ги позна, а синовите свои не ги виде, бидејќи тие, левитите, ги почитуваат зборовите Твои и го пазат заветот Твој, го учат Јакова на законите твои, и Израилот на Твоите заповеди, ставаат темјан пред лицето Твое и сепаленици на жртвеникот Твој; благослови ја, Господи, силата негова и прими ги делата на рацете негови, порази ги бедрата на непријателите негови, што стануваат против него и кои го мразат, за да не можат да се подигнат.« За Венијамина рече: »Кого Господ го сака, тој живее во Него со радост, Бог го заштитува секогаш, и тој почива врз рамената Негови.« А на Јосифа му рече: »Нека ја благослови Господ земјата негова со многусакани дарови небески, со роса и со подароци на бездната, што лежи долу, со многусакани плодови од сонцето и многусаканите плодови од месечината, со дарови од старите планини и со дарови од вечните ридови, и благовремено нека ти се исполнува со пријатни и богати плодови, па тогаш Оној, Кој ми се јави во капината да слезе врз главата на Јосифа и врз темето на најдобриот брат негов; цврстината му е како на првородно теле, и роговите му се како роговите на бивол; со нив ќе ги избоде сите народи до крајот на земјата: тоа се десетиците илјади Ефремови, тоа се илјадниците Манасиеви.« На Завулона му рече: »Весели се, Завулоне, во своите патишта, и ти Исахаре, по полињата твои; тие ќе ги истребат народите, и вие го свикувате народот на планината, таму ќе принесете жртви за правда, бидејќи богатството на морето ќе те храни, како и трговијата со народот што живее покрај морето.« За Гад рече: »Благословен нека е кој ќе го прошири Гада; тој почива како лав и сокрушува мишка и глава; тој ги виде првите делови на својата земја кога таму се разделуваше земјата меѓу собраните кнезови и началниците, и ја исполни правдата Господова и судот со Израилот.« За Дан рече: »Дан е млад лав, кој што избега од Васан.« За Нефталима рече: »Нефталим е задоволен со пријатности, па нека се засити и со благослов од Господа; морето и југот ќе ги наследи.« За Асира рече: »Благословен е со синовите Асир, тој ќе биде омилен меѓу браќата свои и во елеј ќе ја натопи силата твоја. железото и бакарот ти се обувките; како деновите твои ќе се зголемува силата твоја. Нема друг како возљубениот Бог, Кој се пронесува по небото, тебе на помош, и како великолепие на земјата. Единиот Бог е твое прибежиште, и ти си под силата на Неговите вечни мишки. Он ќе го прогонува непријателот пред тебе и ќе рече: истребувај! И кога ќе се насели Израил, ќе живее сам во земјата на Јакова, земја изобилна со жито и вино, а небото ќе му праќа роса. Блажен си ти, Израиле! Кој е како тебе, народ пазен од Господа, Кој ти е штит закрилник и меч на славата твоја? Твоите непријатели те молат, а ти ќе ги газиш вратовите нивни.« Тогаш Мојсеј се искачи од рамнините Моавски на планината Нево, на врвот Фазга, спроти Јерихон, и Господ му ја покажа целата земја од Галад дури до самиот Дан, и целата земја Нефталимова, и целата земја Ефремова и Манасиева, и целата земја Јудина, дури до самото последно море, и пустињата и полињата околу Јерихон, град на палми, дури до Сигор. И му рече Господ на Мојсеја: »Ете ја земјата, за која им се заколнав на Авраама, Исака, и Јакова, велејќи: ‚на вашето семе ќе им ја дадам‘; ти ја покажав на очите твои, но ти таму нема да појдеш.« И умре таму Мојсеј, слугата Господов, во земјата Моав, според зборот Господов; и го погребаа во земјата Моавска близу до домот Фогаров, и дури до денеска никој не знае каде е погребан. Мојсеј беше на сто и деведесет години кога умре; но видот не му беше ослабнат, и силата негова не му беше опаднала. И синовите Израилеви го оплакуваа Мојсеја во Аравот Моавски кај Јордан, близу до Јерихон, триесет дена. А по деновите за плачење настана тага по Мојсеја. И Исус, синот Навинов, се исполни со дух на мудрост, зашто Мојсеј ги беше возложил рацете свои врз него, и му се покоруваа синовите Израилеви и правеа така, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. И не се појави веќе таков пророк во Изралот, како Мојсеј, кого Господ го познаваше лице со лице; со такви знаци и чудеса, кои ги беше испратил Господ да ги изврши во Египетската земја над Фараонот, над сите слуги негови и над целата земја негова. Чудесни се и големи тие дела што Мојсеј ги изврши пред очите на целиот Израил, со силна рака и цврста мишка. По смртта на Мојсеја, слугата Господов, Господ му рече на Навиновиот син Исуса, служител на Мојсеја, велејќи: »Мојсеј, слугата Мој умре; затоа сега стани, мини преку оној Јордан, ти и сиот овој народ, во земјата, која Јас им ја давам, на синовите Израилеви. Секое место, на кое ќе стапнат стапалата на вашите нозе, вам ви го давам, како што му реков на Мојсеја: од пустињата и од Антиливан дури до големата река, реката Еуфрат, целата земја Хетејска, и до големото море на запад ќе бидат ваши предели. Никој нема да устои пред тебе преку сите денови на твојот живот; и како што бев со Мојсеја, така ќе бидам и со тебе: нема да те оставам и ниту ќе те презрам. Биди цврст и храбар, зашто ќе му ја разделиш земјата на овој народ, во наследство за која им се заколнав на татковците нивни дека ќе им ја дадам; само биди многу цврст и храбар, и грижливо пази го и извршувај го сѐ она што ти го заповеда слугата Мој Мојсеј; не се отстранувај од сето тоа ни надесно ни налево, туку постапувај разумно со сѐ што ќе преземаш. Да не се одделува од устата твоја ова книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сѐ она, што е напишано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во патиштата твои и умно ќе постапуваш. Еве, ова ти заповедам Јас: биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај; зашто Господ, твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш.« Тогаш Исус им заповеда на управителите народни и рече: »Влезете меѓу народот и заповедајте им на луѓето и кажете им: пригответе си храна за пат, зашто по три дена ќе ја минете реката Јордан, и ќе влезете да ја преземете земјата, која Господ, Бог на вашите татковци, ви ја дава во наследство.« А на племето Рувимово, Гадово и на полуплемето Манасиево Исус им рече: »Спомнете си, што ви заповеда Мојсеј, слугата Господов, велејќи: ‚Господ, вашиот Бог ве успокои и ви ја даде оваа земја; жените ваши, децата ваши и добитокот ваш нека останат во земјата, која Мојсеј ви ја даде од оваа страна на Јордан; а вие храбрите, што можете да војувате, тргнете вооружени пред браќата ваши и помагајте им, додека Господ, вашиот Бог, не ги успокои браќата ваши, како и вас; додека и тие не ја наследат таа земја, која Господ, вашиот Бог, им ја дава; тогаш вратете се во наследствоот свое и земете ја земјата, која Мојсеј, слугата Господов, ви ја даде од оваа страна на Јордан спрема исток.‘« Тие му одговорија на Исуса: »Сѐ што ни заповедаш, ќе направиме, и каде и да не праќаш, ќе одиме; како што го слушавме Мојсеја, така ќе те слушаме и тебе; само Господ, твојот Бог, да биде со тебе, како што беше со Мојсеја; секој, што ќе се противи на твојата заповед и не ги послуша зборовите твои во сѐ, што и да му заповедаш, ќе биде погубен. Само биди цврст и храбар!« Исус, синот Навинов, испрати тајно од Ситим двајца млади луѓе и им рече: »Отидете, разгледајте ја замјата и градот Јерихон!« И двете момчиња отидоа и влегоа во Јерихон во куќата на една блудница, по име Раав, и останаа да ноќеваат таму. Тогаш му јавија на Јерихонскиот цар: »Ете, некои луѓе од синовите Израилеви дојдоа тука ноќеска, за да ја разгледаат земјата.« Јерихонскиот цар испрати да ѝ кажат на Раав: »Изведи ги луѓето, што влегоа во твојот дом, бидејќи дошле да ја разгледаат целата земја.« Не жената ги зеде оние двајца луѓе, ги сокри и рече: »Дојдоа, навистина, кај мене луѓе, но јас не знам од каде беа тие; кога, пак, на стемнување требаше да се затворат портите, тие излегоа; не знам каде отидоа; трнете веднаш по нив, ќе ги стигнете.« А самата ги одведе на покривот и ги сокри во нечешлан лен, распростран кај неа на таванот нејзин. Испратените тргнаа потоа по патот кон Јордан до самиот брод, а портите се затворија веднаш кога тргна потера по нив. Пред да легнат да спијат, Раав се качи кај нив на покривот и им рече: »Знам, дека Господ ви ја дал вам оваа земја, бидејќи ужас нѐ опфати од вас, и сите жители на оваа земја се исплашија од вас; зашто чувме, дека Господ Бог ја исуши пред вас водата во Црвеното Море кога сте доаѓале од Египет, и како сте постапиле со двајца аморејски цареви од онаа страна на Јордан, Сион и Ог, кои сте ги погубиле. Кога го чувме тоа, срцето ни се стегна и во никого од нас не остана дух против вас; зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на небото и на земјата долу; И така, заколнете ми се во Господа, вашиот Бог, дека, како што јас ви покажав милост, така и вие ќе бидете милостиви кон домот на мојот татко, и дајте ми верен знак: оставете ги живи во домот на татко ми и мајка ми, браќата мои и сестрите мои, и сите што се во него, и спасете ги душите наши од смрт.« Тие луѓе ѝ рекоа: »Душата наша ќе ја предадеме на смрт, само сега да не нѐ предадеш.« А таа рече: »Кога Господ ви го предаде овој град, бидете спрема мене милостиви и верни.« И таа ги спушти по јаже низ прозорецот, бидејќи куќата ѝ беше на карпа и таа живееше на карпата; и им рече: »Одете сега во планината, за да не ве сретнат гонителите, и кријте се таму три дена, додека да се врати потерата што тргна по вас, а потоа одете си по вашиот пат.« А луѓето ѝ рекоа: »Ние ќе бидеме ослободени од клетвата твоја, со која нѐ заколна ако не постапиш вака: ете, кога ќе дојдеме во овој градски крај, ова црвено јаже обеси го на прозорецот, низ кој нѐ спушти, и прибери ги во куќата кај себе таткото твој, мајката твоја и браќата твои и целиот татков дом; и ако некој излезе надвор од вратата на твојата куќа, самиот нека си биде виновен, а ние ќе бидеме ослободени од оваа твоја клетва; а за сите што ќе бидат со тебе во куќата твоја, крвта нивна нека биде врз главите наши, ако некоја рака се допре до нив; ако, пак, некој нѐ навреди или ги открие овие наши зборови, ние исто така ќе бидеме ослободени од твојата клетва, со која нѐ заколна.« Таа одговори: »Нека биде според зборовите ваши!« И ги пушти, и тие си отидоа, а таа го врза за прозорецот црвеното јаже. Тие тргнаа и отидоа во планината и останаа таму три дена, додека се врати потерата. Гонителите ги бараа по целиот пат и не ги најдоа. И се вратија обајцата млади луѓе, слегоа од планината, го минаа Јордан и отидоа кај Исуса, синот Навинов и му кажаа сѐ што им беше станало. И му рекоа на Исуса: »Господ, нашиот Бог, ја предаде целата таа земја во наши раце, и сите жители на таа земја се уплашени од нас.« Тогаш Исус стана рано утредента, и тргна од Ситим и дојде до Јордан, тој и сите синови Изриалеви, и застанаа таму пред да го минат. По три дена тргнаа управителите низ логорот, и им заповедаа на луѓето, велејќи: »Кога ќе го видите ковчегот на заветот Господов, вашиот Бог, и свештениците наши, левитите, да го носат, тргнете и вие од местото ваше и одете по нив. Но растојанието меѓу вас и нив да биде околу две илјади лакти; не се доближувајте до него, за да го знаете патот, по кој ќе одите; зашто вие не сте оделе по тој пат ни вчера ни завчера.« И му рече Исус на народот: »Исчистете се утре рано, бидејќи Господ ќе изврши меѓу вас чудеса.« На свештениците, пак, им рече Исус: »Земете го Ковчегот на заветот и одете пред народот.« Свештениците го зедоа Ковчегот на заветот и тргнаа пред народот. Тогаш Господ му кажа на Исуса: »Денес ќе почнам да те издигам пред очите на сите синови Израилеви, за да дознаат дека, како што бев со Мојсеја, така ќе бидам и со тебе. А сега заповедај им на свештениците, кои го носат ковчегот на заветот, и кажи им: штом ќе влезете во водите на Јордан, запрете во Јордан.« Исус им кажа на синовите Израилеви: »Дојдете ваму и чујте ги зборовите на Господа, вашиот Бог!« Уште им рече Исус: »Од тоа ќе дознаете дека меѓу вас е живиот Бог, Кој ќе ги изгони од вас Хананејците и Хетејците, Евејците и Ферезејците, Гергесејците, Аморејците и Јевусејците; ете, ковчегот на заветот Господов на целата земја ќе тргне пред вас преку Јордан; и земете си дванаесетмина луѓе од синовите Израилеви, по еден човек од секое племе; и штом нозете на свештениците, кои го носат ковчегот на Господа над целата земја, ќе стапнат во водите на Јордан, водата јорданска ќе се прекине, а водата што тече одозгора, ќе запре.« И така, кога народот тргна од шаторите свои, за да го мине Јордан, и свештениците го понесоа ковчегот на заветот Господов пред народот, тогаш, штом оние, што го несеа ковчегот на заветот Господов влегоа во Јордан, и нозете на свештениците, кои го носеа ковчегот, се наквасија во водите на Јордан; а Јордан пак, се излива од сите свои брегови за сето време во жетвата на пченицата. Водата, што течеше одозгора, запре и стана како карпа на многу големо растојание, од градот Адам, дури до пределот Зартан; а водата што течеше одозгора, почна да тече во морето, кое е солено море, сѐ додека не истече. А народот стоеше спроти Јерихон; кога пак свештениците, што го носеа ковчегот на заветот Господов, застанаа на суво среде Јордан, тогаш и сите синови Израилеви преминуваа на суво, додека целиот народ не го премина Јордан. Кога целиот народ го премина Јордан, Господ му рече на Исуса: »Земи од народот дванаесет луѓе, по еден маж од секое племе и заповедај им и кажи им: ‚Земете оттука, среде Јордан, каде што стоеја неподвижно ножете на свештениците, дванаесет камења, понесети ги со себе и ставете ги на местото, каде што ќе ноќевате оваа ноќ!‘« Исус повика дванаесет луѓе, што ги избра од синовиет Израилеви, по еден маж од секое племе и им рече: »Одете по мене пред Господа, вашиот Бог, среде Јордан и секој нека земе оттаму по еден камен, и нека го стави на рамо според бројот на племињата на синовите Израилеви, за да бидат кај вас за секогаш знак; кога ќе те праша во подоцнежно време синот твои и ќе рече: ‚зошто се овие камења кај вас?‘ а ти ќе му речеш на синот твој: ‚Водата во реката Јордан престана да тече пред ковчегот на заветот на Господа над целата земја; кога тој го преминуваше Јордан, тогаш водата јорданска пресуши‘; и така тие камења ќе бидат кај вас како вечен споменик на синовите Израилеви.« и синовите Израилеви направија така, како што заповеда Исус: зедоа дванаесет камења од среде Јордан, како што му рече Господ на Исуса, според бројот на племињата на синовите Израилеви, и ги понесоа со себе во логорот, и ги ставија таму. И други дванаесет камења постави Исус среде Јордан на местото, каде што им стоеја нозете на свешетниците, кои го носеа ковчегот на заветот Господов. Тие се таму и до ден денес. Свештениците, пак, кои го носеа ковчегот на заветот Господов, стоеја среде Јордан, додека не беше свршено сѐ што Господ му беше заповедал на Исуса – точно така, како што му беше заповедал Мојсеј на Исуса; па потоа народот брзаше и преминуваше. Кога целиот народ го премина Јордан, тогаш премина и ковчегот на заветот Господов и камењата пред нив. И Рувимовите синови и Гадовите синови и полу племето Манасиево поминаа вооружени пред синовите Изриалеви, како што им беше заповедал Мојсеј. Околу четириесет илјади вооружени за борба преминаа пред Господа кон градот Јерихон, за да се борат. Во тој ден Господ го возвеличи Исус пред целиот род Израилев и почнаа да се бојат од него, како што се боеја од Мојсеја, сѐ додека беше жив. И му рече Господ на Исуса, велејќи: »Заповедај им на свештениците, што го носат ковчегот на заветот на сведоштвото, да излезат од Јордан.« Исус им заповеда на свештениците и рече: »Излезете од Јордан!« И кога свештениците, што го носеа ковчегот на заветот Господов, излегоа од Јордан, и штом нозете нивни стапија на суво, водата на Јордан се спушти на своето место, потече, како вчера и завчера, по целото корито. И народот излезе од Јордан во десеттиот ден на првиот месец и се смести во Галгал, на исток од Јерихон. И дванаесетте камења, што ги беа зеле од Јордан, Исус ги постави во Галгал и им рече на синовите Израилеви: »Кога ќе ве прашаат вашите синови, велејќи: ‚зошто се овие камења?‘ кажете им на вашите синови: ‚Израил го помина Јордан по суво.‘ Зашто Господ, вашиот Бог, ги исуши водите на Јордан за вас, додека да го преминете, исто онака, како што Господ, вашиот Бог, го направи со Црвеното Море, кое го исуши пред нас, додека го преминавме, за да видат сите народи на земјата, дека раката Господова е силна, и да Го почитувате Господа, вашиот Бог, во секое време.« Кога аморејските цареви, што живееја од онаа страна на Јордан кон морето, и хананејските цареви, што се крај морето, чуја дека Господ Бог ги исушил водите на Јордан пред синовите Израилеви, додека тие преминувале, тогаш им се запреа мислите, се ужасија и не остана веќе во нив дух против синовите Израилеви. Во тоа време Господ му рече на Исуса: »Направи си камени ножеви од остар камен и обрежи ги синовите Израилеви по вторпат!« Тогаш Исус направи остри ножеви од камен, и ги обреза синовите Изриалеви во местото наречено Рид на обрезанието. И така ги обреза Исус синовите Израилеви, кои тогаш се родија по патот, и кои меѓу излезените од Египет тогаш не беа обрезани, сите ги обреза Исус; сиот народ, што беше излегол од Египет, од машки пол, сите способни за војна умреа во пустињата по патот, откако без излагле од Египет; бидејќи сите излезени беа обрезани, а сите, што беа се родиле во пустињата по патот, по излегувањето од Египет, не беа обрезани; зашто синовите Израилеви четириесет години одеа по пустињата Мавдаритит; заради тоа мнозина не беа обрезани, додека изумреа сите способни за војна, што беа излегле од Египет, кои не го послушаа гласот Господов и на кои Господ им се залона, дека нема да ја видат земјата, која Господ со клетва беше им ја ветил на татковците нивни, дека ќе ни ја даде нам земјата, каде што тече мед и млеко, а на место нив ги постави синовите нивни. Нив ги обреза Исус, зашто тие не беа обрезани; бидејќи нив, како родени по патот, не ги обрезуваа. Сиот народ, откако беше обрезан, си остана на местото во логорот, додека не оздрави. Тогаш Господ му рече на Исуса: »Сега Јас го симнав од вас египетскиот срам!« И тоа место се наречува дури и до ден денес »Галгал«. И се задржаа синовите Израилеви во логорот во Галгал и направија Пасха во рамнините Јерихонски на четиринаесеттиот ден од месецот, вечерта; и на вториот ден по Пасха почнаа да јадат од пченицата на таа земја – бесквасни лебови и печени зрна во истиот тој ден; и маната престана да паѓа во тој ден, по кое почнаа да јадат од житото на таа земја; и веќе немаше мана кај синовите Израилеви: во таа година тие јадеа од плодовите на Хананската земја. Кога Исус се наоѓаше близу до Јерихон, погледна и виде, и ете, пред него стои човек, со истргнат меч во раката. Исус се приближи до него и му рече: »Наш ли си, или си од нашите непријатели?« Тој му одговори: »Не; јас сум водачот на војската Господова, сега дојдов овде.« Исус падна ничкум на земја, се поклони и му рече: »Што ќе му заповедаш на својот слуга?« Водачот на војската Господова му рече на Исуса: »Собуј ги обувките од нозете свои, бидејќи местото, на кое стоиш, е свето.« Исус така и направи. А Јерихон беше утврден и затворен поради страв од синовите Израилеви; никој не излегуваше и не влегуваше во него. Тогаш му рече Господ на Исуса: »Еве, Јас го предавам Јерихон во рацете твои и царот негов и силните луѓе во него; опколете го градот сите вие, способни за војна, и обиколувајте го градот по еднаш секој ден, така правете шест дена; и седум свештеници нека носат пред ковчегот седум труби од рогови; а седмиот ден обиколете го градот седумпати и свештениците нека трубат со трубите од рогови. И штом ќе затрубат со трубниот рог, па го чуете гласот трубен, целиот народ нека воскликне, и градските ѕидишта ќе паднат сами до основата своја пред оние што викаат; и тогаш целиот народ да навлезе во градот, тргнувајќи секој од своето место.« Тогаш дојде Исус, синот Навинов, кај свештениците Израилеви и им рече: »Земете го ковчегот на заветот Господов и седум свештеници нека носат седум рожени труби пред ковчегот Господов!« И им рече, велејќи: »Заповедајте му на народот да го обиколат и да го опкружат градот; а вооружените нека одат пред ковчегот Господов.« Штом Исус му го кажа тоа на народот, рече и седумте свештеници, што ги имаа седумте свештени труби, да појдат и да затрубат громогласно со трубите, и ковчегот на заветот Господов да оди по нив. Вооружените, пак, одеа пред свештениците, кои трубеа со трубите; и оние што одеа по нив, по ковчегот на заветот Господов, трубеа со трубите. На народот, пак, Исус му заповеда и рече: »Не викајте и да не се чуе глас од вас, и да не излегува збор од устата ваша до оној ден, додека не ви заповедам: викајте! – и тогаш ќе викнете.« Така ковчегот на заветот Господов тргна околу градот и еднаш го обиколи; и дојдоа во логорот и ноќеваа во него. На вториот ден Исус стана утрината рано, и свештениците го понесоа ковчегот на заветот Господов; и седумте свештеници, што ги носеа седумте труби пред ковчегот Господов, одеа и трубеа со трубите; вооружените, пак, одеа пред нив, а другите одеа по ковчегот на заветот Господов и свештениците затрубија со рожените труби. И вториот дена го обиколија градот еднаш и се вратија во логорот. Така правеа шест дена. На седмиот ден станаа рано и го обиколија градот седумпати; само тој ден го обиколија градот седумпати. И при седмото заобиколување свештениците затрубија во трубите. Тогаш Исус му рече на народот: »Викајте, бидејќи Господ ви го предаде градот! И градот нека биде проколнат, и сѐ што е во него, од силата Господова; само блудницата Раав запазете ја, неа и секој што е во домот нејзин; зашто таа ги сокри извидниците што ги пративме. Но вие пазете се од клетвата, за да не паднете и самите по клетва, ако земете нешто од заколнатото, и со тоа на логорот и на синовте Израилеви да им нанесете клетва, и нас да нѐ истребите. Златото, пак, среброто и бакарот и железото се за Господа и да се внесат во сокровиштето Господово!« И затрубија свештениците со трубите. Штом го чу народот гласот на трубите, сите заедно извикаа со висок и силен глас, и сите градски ѕидишта паднаа, и целиот народ влезе во градот, секој од своето место, и го презедоа градот. И проколна Исус сѐ што беше во градот, – мажите и жените, младите и старите, овците и ослите; сѐ се истреби со меч. А на двајцата младичи што ја беа разгледале земјата, Исус им рече: »Влезете во домот на жената блудница и изведете ја оттаму неа и сите што се кај неа, бидејќи вие ѝ се заколнавте.« Тогаш влегоа младичите, што го разгледуваа градот, во домот на жената и ја изведоа блудницата Раав и таткото нејзин, мајката нејзина, браќата нејзини и сите нејзини роднини и сите, што беа кај неа, ги изведоа и ги ставија надвор од логорот на Израилот. А градот и сѐ што беше во него, го изгореа со оган; само среброто и златото, бакарот и железото ги предадоа, за да се внесат во сокровишницата Господова. Блудницата, пак, Раав и целиот нејзин татков дом, Исус ги остави живи, и таа живее меѓу Израилот до денес, зашто ги сокри извидниците, што ги испрати Исус за да го разгледаат Јерихон. Во тој ден Исус проколна и рече: »Проклет да биде пред Господа оној, што ќе го издигне и изгради овој град Јерихон; врз првородениот син свој тој ќе ги положи основите негови и врз најмалиот син свој ќе ги постави портите негови!« А тоа го направи Азан, родум од Ветил; тој го основа врз првородениот син свој Авирон и врз најмалиот, Спасен, ги постави портите негови. И Господ беше со Исус, и славата Негова се разнесуваше по целата земја. Но синовите Израилеви направија голем грев и зедоа од заколнатото. Ахан, синот на Хармија, син на Завдија, Заров син од Јудиното племе, зеде од заколнатото, и гневот Господов се разгори против синовите Израилеви. Од Јерихон Исус испрати луѓе во Гај, кој е на спротива на Витаин, источно од Ветил, и им рече: »Одете, разгледајте ја земјата!« Тие отидоа и го разгледаа Гај. И откако се вратија кај Исуса, му рекоа: »Нека не оди целиот народ, туку нека отидат две до три илјади луѓе и ќе го разбијат Гај; не праќај го таму целиот народ, бидејќи тие се малку на број.« И така, отидоа таму од народот околу три илјади души, но тие почнаа да бегаат пред гајските жители; гајските жители убија од нив до триесет и шест души, ги гонеа од портите и ги разбија при стрмнината на планината; од тоа срцата на луѓето се растопија и станаа како вода. Исус ја раскина облеката своја и падна ничкум на земјата пред ковчегот на Господа и лежеше дури до вечерта, тој и старешините Израилеви, и ги посипаа со пепел главите свои. И рече Исус: »Ти се молам, Господи Боже, зошто го преведе слугата Твој народот преку Јордан, за да ги предадеш во рацете на Аморејците на погубување? Камо да бевме останале да живееме од онаа страна на Јордан! О, Господи, што да кажам, бидејќи Израилот го свте грбот пред своите непријатели? Хананејците и сите жители на земјата ќе чујат, ќе нѐ опколат и ќе нѐ истребат нас од земјата. И што ќе направиш за името Твое Големо?« Господ му одговори на Исуса: »Стани, зошто падна ничкум? Згрешија луѓето и ја прекршија мојата заповед, што им ја дадов; украдоа од проколнатото, и го сокрија меѓу работите свои; затоа синовите Израилеви не можат да издржат пред непријателите свои и им свртија грб, бидејќи тие потпаднаа под клетвата; нема да бидам веќе со вас, ако не го отстраните од вас проколнатото. Стани, очисти го народот и кажи: ‚Очистете се за утре, бидејќи така вели Господ, Бог Израилев: »Проколнатото е во тебе, Израиле; затоа ти не ќе можеш да издржиш пред непријателите свои, додека не го отстраниш од себеси проклетството.« Соберете се утре сите според племињата свои; племето, пак, што ќе го покаже Господ, нека мине по родовите; и родот, што ќе го покаже Господ, нека мине по домовите, што ќе ги покаже Господ, и нека мине човек по човек; кој ќе биде фатен, дека украл од проколнатото, со оган нека се изгори тој и сѐ што е негово, затоа што ја прекршил заповедта на Господа и направил престап меѓу Израилот.‘« Откако стана утредента рано, Исус ги преведе луѓето според племињата свои, и беше покажано Јудиното племе; потоа заповеда да минат родовите на Јуда, и беше посочен родот на Зара; му заповеда на Заровиот род да мине според домовите, и се појави родот на Завдија; Му заповеда на домот негов да мине човек по човек, и беше покажан Ахан, синот на Хармија, син на Завдија, Заров син, од Јудиното племе. Тогаш Исус му рече на Ахан: »Синко, прослави Го Господа, Бога Израилев, исповедај се пред Него и кажи ми, што си направил; не криј од мене.« Ахан му одговори на Исуса и рече: »Навистина, јас згрешив пред Господа, Бога Израилев, и го направив ова и ова; меѓу предметите пленети видов една убава и добра облека, и две дидрахми сребро и еден сосуд од злато, со вредност од педесет дидрахми; тоа ми се свиде и јас го зедов; и, ете, тоа е сокриено во земјата во домот мој, и среброто е сокриено под него.« Исус испрати луѓе, и тие отидоа во домот негов во логорот; и ете, сето тоа беше сокриено во домот негов, и среброто под него. Тие го изнесоа тоа од домот, го донесоа кај Исуса и кај старешините Израилеви и го ставија пред Господа. Тогаш Исус и сите Израилци со него го зедоа Заровиот син Ахан, среброто, облеката, и сосудот од злато, синовите негови и ќерките негови, воловите негови и ослите негови, овците негови и домот негов, и сѐ што беше негово, и го одведоа во долината Ахор. И рече Исус: »Затоа што некои од нас истреби, Господ ќе те истреби денес тебе.« И сите Израилци го убија со камења, го изгореа него и предметите со оган, и нафрлаа врз нив камења. И нафрлаа врз него голема грамада камења, која остана сѐ до ден денес. Потоа стивна силата од гневот на Господа. Поради тоа, она место денес се вика »Долината Ахор«. И му рече Господ на Исуса: »Не палши се и не се ужасувај; земи ги со себе сите мажи, способни за војна и оди во Гај; ете, Јас го предавам во твои раце гајскиот цар и народот негов, градот негов, и земјата негова. Направи му на Гај и царот негов исто она што му направи на Јерихон и царот негов; само пленот и добитокот негов поделете се го; постави заседа зад градот.« Исус и сите мажи, способни за војна, се подготвија да одат во Гај; и одбра Исус триесет илјади души храбри и ги испрати во текот на ноќта, им даде заповед, велејќи: »Скријте се зад градот; не се оддалечувајте од градот и бидете сите готови; јас, пак, и сите мажи, што се со мене, ќе се доближиме до градот и штом жителите галски ќе излезат против нас, како и порано, ние ќе избегаме од нив; тие ќе јурнат по нас, и така ние ќе ги одвлечеме од градот, зашто тие ќе речат: – бегаат од нас, како и порано –; откога ќе избегаме од нив, вие станете од заседата и одете во градот, и Господ, вашиот Бог, ќе ви го предаде во рацете ваши. Откога ќе го преземете градот, запалете го градот со оган, постапете според заповедта моја; тоа ви го заповедам јас.« Така ги испрати Исус, и тие отидоа во заседа и заседнаа меѓу Ветил и Гај, на запад, од Гај; таа ноќ преноќева Исус среде народот. Откако стана утрината рано, Исус го прегледа народот и тргна тој и старешините Израилеви пред народот за Гај; и сите мажи, способни за војна, што беа со него, тргнаа, се приближија и дојдоа до градот од спротива, од исток, додека заседата беше откај морето. И се сместија на север од Гај, а меѓу нив и Гај имаше долина. Потоа Исус зеде до пет илјади души и го постави во заседа меѓу Ветил и Гај, на запад од градот. И целиот логор, кој беше на север од градот, се распореди така, што западниот дел беше на запад од логорот. А Исус отиде таа ноќ среде долината. Штом гајскиот цар го виде тоа, стана рано и излезе веднаш со жителите градски против Израилот во борба на определеното место пред рамнината; но тој не знаеше, дека против него има заседа зад градот негов. Исус и целиот Израил, како божем се разбиени од нив, избегаа кон пустињата; а тие го повикаа целиот народ, што беше во градот, за да ги гонат, и, гонејќи го Исуса, се оддалечија од градот; и не остана во Гај и Ветил ниту еден човек, кој не беше тргнал по Израилот; а градот свој го оставија отворен, гонејќи го Израилот. Тогаш Господ му рече на Исуса: »Спружи го копјето, што е во раката твоја, кон Гај, бидејќи Јас ќе го предадам во рацете твои и заседата веднаш нека стане од местото свое!« Исус ја сприжи кон градот раката своја со копјето, што беше во раката негова. А оние што беа во заседа станаа веднаш од местото свое и јурнаа, штом ја испружи раката своја, влегоа во градот, го презедоа и за миг го запалија со оган. Жителите гајски, кога погледнаа назад, видоа, дека од градот се крева дим кон небото. Немаше каде да бегаат – ниту натаму, ниту наваму; зашто народот, што беше во пустињата, се сврте кон гонителите. Исус и целиот Израил, кога видоа, дека оние што беа во заседа го презеле градот и дека од градот се крева дим кон небото, се вратија и почнаа да ги убиваат Гајците. А оние од градот излегоа против нив, така што тие се најдоа меѓу Израилците, од кои едни беа на една страна, а другите на друга; така ги разбија, што не оставија од нив ниту еден жив, ниту избеган; а гајскиот цар го фатија жив и го доведоа кај Исуса. Откога Израилците ги убија сите жители од Гај во полето и пустињата, каде што ги гонеа, и откако тие сите до еден паднаа од сечилото на мечот, тогаш сите Израилци се вратија во Гај и го поразија со сечилото на мечот. Загинатите од тој ден мажи и жени, сите од Гај, беа дванаесет илјади. Исус не ја тргна раката своја, што ја беше испружил со копјето, додека не ги проколна сите од Гај; само добитокот и пленот од тој град синовите Израилеви го поделија меѓу себе, според Господовиот збор, што Господ беше му го кажал на Исуса. Тогаш Исус го изгори Гај и го претвори во вечни урнатини, во пустињата до денес; а гајскиот цар го обеси на дрво и го остави на дрвото до вечерта; по зајдисонце Исус пак им заповеда, и го симнаа трупот негов од дрвото, го фрлија пред градските порти во ров, и натрупаа врз него голема грамада камења, која постои до ден денешен. Тогаш Исус му изгради жртвеник на Господа, Бога на Израилот, на гората Гевал, како што Мојсеј, слугата Господов, им беше заповедал на синовите Израилеви, за кое беше напишано во книгата на Мојсеевиот закон, – жртвеник од цели камења, до кои не допрело железо; и принесоа врз него сепаленица на Господа и жртва за спасение. И таму на камењата Исуа напиша препис од законот на Мојсеја, што тој го беше напишал пред синовите Израилеви. Сиот Израил, старешините негови и управителите негови и судиите негови, застанаа од едната и од другата страна на ковчегот спроти свештениците, – левитите, кои го носеа ковчегот на заветото Господов, – како придојдените, така исто и придојдените жители, едната половина од нив кај планината Гаризим, а другата половина кај планината Гевал, како што порано Мојсеј, слугата Господов, беше заповедал да се благослови народот Израилев. Потоа Исус го прочита сите зборови од законот, благословувањата и проклетстава, како што е напишано во книгата на законот; од сѐ она, што Мојсеј му беше заповедал на Исуса, немаше ни збор, што Исус не го прочита пред целото Израилско собрание, пред мажите и жените и децата и придојдените, што се најдоа меѓу нив. Откако го чуја тоа аморејските цареви, кои беа од оваа страна на Јордан, по планината и рамнината и по целиот брег на Големото Море, и кои беа близу до Антиливан, – Хетејците, Аморејците, Гергесејците, Хананејците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците, се собраа сите, за да удрат заедно против Исуса и Израилот. Но жителите гаваонски, откако чуја, што му направил Господ на Јерихон и на Гај, употребија и тие итрина; отидоа и се снабдија со храна за пат и ставија ветви вреќи на ослите свои и ветви, испокинати и закрпени мевови за вино; и обувките на нозете им беа стари, закрпени, и облеката нивна – ветва; и сиот леб нивни за пат беше сув и мувлосан. Тие дојдоа кај Исуса во логорот Израилев во Галгал и му рекоа нему и на сите Израилци: »Ние сме дојдени од многу далечна земја; впрочем ако сакате склучете со нас сојуз.« А Израилците им одговорија на Евејците: »Вие, можеби живеете близу до нас; како ќе склучиме сојуз со вас?« Тие му рекоа на Исуса: »Ние сме твои робови.« А Исус ги праша: »Кои сте вие и од каде сте дошле?« Тие му одговорија: »Од многу далечна земја се дојдени твоите робови во името на Господа, твојот Бог, зашто ја чувме славата Негова и за сѐ што извршил Он во Египет, и за сѐ она, што им направи на двајцата аморејски цареви, кои беа од онаа страна на Јордан, на есевонскиот цар Сион и на васанскиот цар Ог, кои живееја во Астарот и во Едраин. Кога го чуја тоа, старешините наши и сите жители на нашата земја ни рекоа: земе во рацете свои леб за пат, одете им во пресрет и кажете им: ‚Ние сме ваши робови; па, ако сакате, склучете сојуз со нас.‘ Овој наш леб го зедовме од куќите наши топол во денот, кога тргнавме кон вас, а сега ете, тој се исушил и мувлосал; и овие мевови со вино, кои кога ги наполнивме беа нови, ете се испокинаа; и овие наши облеки и обувките изветвеа поради многу долгиот пат.« И кнезовите го зедоа лебот нивни, а Господа не го прашаа. Тогаш Исус склучи со нив мир и постави услов, дека ќе им го зачува животот; и кнезовите на народот им се заколнаа. А по три дена, откако склучија со нив сојуз, слушнаа дека тие биле нивни соседи и дека живеат близу до нив; зашто синовите Израилеви кога тргнаа на пат, дојдоа до градовите нивни на третиот ден; градотиве нивни, пак, беа: Гаваон, Кефира, Вирот и уште градот Јарим. Исус и синовите Израилеви не ги погубија, зашто сите кнезови народни им се заколнаа во Господа, Израилевиот Бог. Затоа целото општество Израилево замрмори против кнезовите. Сите кнезови му рекоа на целиот народ: »Им се заколнавме во Господа, Израилевиот Бог, и затоа не можеме да ги допреме нив; а, еве, што ќе направиме со нив: ќе ги оставиме живи, за да не нѐ стигне гневот поради клетвата, со која им се заколнавме.« И им рекоа уште кнезовите: »Нека живеат, но ќе сечат дрва и ќе носат вода за целото општество.« И целиот народ направи така, како што му рекоа кнезовите. Исус ги повика и им рече: »Зошто нѐ измамивте, кога рековте: ‚ние сме многу далеку од вас, а вие сте живееле блиску до нас?‘ Отсега да сте проклети! Вечно ќе бидете робови, ќе сечете дрва и ќе носите вода за мене и за домот на мојот Бог!« Тие му одговорија на Исуса и рекоа: »Дојде до ушите на твоите робови, дека Господ, твојот Бог, му заповедал на својот слуга Мојсеј, оти ќе ви ја даде цела земја, и дека ќе нѐ погуби нас и сите жители на оваа земја пред лицето ваше; затоа ние многу се уплашивме да не ни го земете животот, па го направивме тоа; сега, ете, ние сме во твои раце: како ти се чини дека е подобро и посправедливо да постапиш со нас, така и направи.« И Исус така и постапи со нив: ги избави од рацете на синовите Израилеви, и тие не ги погубија. И во тој ден Исус нареди тие да сечат дрва и да носат вода за целото општество и за жртвеникот на Господа; поради тоа оние што живееја во Гаваон станаа дрвари и водари за жртвеникот Божји дури и до денес, на она место, што ќе го избере Господ. Кога ерусалимскиот цар Адонивезек чу, дека Исус го презел Гај и го предал на клетва, и дека постапил со Гај и со царот негов така, како што постапил со Јерихон и царот негов, и дека Гаваонците склучиле мир со Исуса и со Израилот и со другите меѓу нив, тој многу се уплаши, бидејќи Гаваон беше голем град, како еден од царските градови, и поголем од Гај, и сите жители негови беа храбри луѓе. Поради тоа ерусалимскиот цар Адонивезек испрати пратеници кај хевронскиот цар Елам, и кај Феран, царот јеримутски, и кај Афи, царот лахиски, и кај Давир, царот одоламски, да им кажат: »Дојдете кај мене и помогнете ми да го сосипеме Гаваон, затоа што склучи мир со Исуса и синовите Израилеви.« Тие се собраа и отидоа петмина аморејски цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јеримутскиот цар, лахискиот цар, одоламскиот цар, тие и целиот нивни народ, и го опседнаа Гаваон и почнаа да војуваат против него. Гаваонците испратија до Исуса во логорот Израилев во Галгал, да кажат: »Не ја тргнувај раката од твоите робови; дојди поскоро кај нас, избави нѐ и помогни ни; зашто против нас се собрани сите аморејски цареви, што живеат во планините.« Исус тргна од Галгал, тој и со него сите способни за војна, и сите храбри мажи. Тогаш Господ му рече на Исуса: »Не се бој од нив, зашто Јас ги предадов во рацете твои: никој од нив нема да устои пред лицето твое.« И ги нападна нив Исус ненадејно, бидејќи целата ноќ беше одел од Галгал. Господ ги доведе во забуна од Израилците, и тие им нанесоа голем пораз во Гаваон, ги гонеа по патот кон Веторон и ги поразуваа дури до Азик и до Макид. А кога бегаа од Израилците по падините на Веторонската планина, Господ фрлаше врз нив од небото големи камења до самиот град Азик, и тие умираа: умрените од камењата беа повеќе, отколку оние, што синовите Израилеви ги убија со меч во борбата. Тогаш Исус Му рече на Господа во оној ден, во кој Господ Бог го предаде Амореј во рацете на Израилот – откако ги порази во Гаваон, и тие беа избиени од синовите Израилеви, – и рече пред Израилците: »Запри се, сонце, над Гаваон, и ти, месечино, над долината Елон!« И сонцето застана, и месечината стоеше, додека Бог им се одмаздуваше на непријателите нивни. Нели е тоа запишано во книгите на Праведниот: »Сонцето застана на небото и не брзаше да зајде скоро цел ден?« Таков ден немало ни пред ни по оној, во кој Господ така да послушал човечки глас. Зашто Господ војуваше за Израилот. Потоа Исус и целиот Израил со него се вратија во логорот, во Галгал. А оние петмина цареви избегаа и се сокрија во пештерата во Макид. Кога му јавија на Исуса и му рекоа: »Ги најдовме петмината цареви, тие се кријат во пештерата во Макид«, Исус рече: »Навалете големи камења пред влезот на пештерата и поставете кај неа луѓе да ги пазат; а вие не се задржувајте тука, туку гонете ги непријателите ваши, истребувајте ги последните делови од војската нивна и не им дозволувајте да отидат по градовите нивни, бидејќи Господ, вашиот Бог, ги предаде во рацете ваши.« Откако Исус и синовите Израилеви им нанесоа многу голем пораз, и другите од нив избегаа во утврдените градови, целиот народ се врати мирно во логорот кај Исуса во Макид, и никој не отвори уста против синовите Израилеви. Тогаш Исус рече: »Отворете го влезот на пештерата и доведете ги кај мене од пештерата петмината цареви!« Така и направија: ги доведоа кај него од пештерата петмината цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јермутскиот цар, лахискиот цар и одоламскиот цар. Кога ги изведоа овие цареви пред Исуса, Исус ги повика сите Израилци и им кажа на воените началници, што беа оделе со него: »Приближете се, стапнете со нозете свои врз вратовите на тие цареви!« Исус им рече: »Не плашете се и не се ужасувајте, бидете цврсти и храбри; зашто така ќе постапи Господ со сите ваши непријатели, со кои ќе војувате.« Потоа Исус ги уби, и ги обеси на пет дрвја; и висеа на дрвјата до вечерта. На зајдисонце Исус заповеда, и ги симнаа од дрвјата, ги фрлија во пештерата, во која се криеја, и на влезот на пештерата натрупаа големи камења, кои се и денес таму. Во истиот ден го презедоа Макид и го поразија со меч него и царот негов, и сѐ живо, што се наоѓаше во него: не оставија никој, кој да не беше погоден или да избегал; и со макидскиотт цар постапија така, како што постапија со јерихонскиот цар. Потоа тргна Исус и сите Израилци со него од Макид за Левна и војуваше против Левна И ја предаде Господ и неа во рацете на Израилот и ја презедоа неа и царот нејзин, и истреби Исус со меч сѐ живо, што се наоѓаше во неа; не остави во неа никој, што не беше погоден или да избегал, а со царот постапи така, како што постапи со јерихонскиот цар. Од Левна тргна Исус и сите Израилци со него за Лахис, се улогори пред него и почна да војува против него; и го предаде Господ Лахис во рацете на Израилот, и тој го презеде во вториот ден, и го порази со меч него и сѐ живо, што беше во него, и го истреби така, како што постапи со Левна. Тогаш на помош на Лахис му дојде газерскиот цар Орам; но Исус го порази со меч и него и народот негов така, што не остави од народот никој што не беше погоден или да избегал. И тргна Исус и сите Израилци со него од Лахис за Аглон, се улогори пред него и почна да војува против него; го предаде Господ и него во рацете на Израилот и го презедоа во истиот ден и го поразија со меч, и со сѐ живо, што се наоѓаше во него во тој ден, постапи така, како што постапи со Лахис. Потоа појде Исус и сите Израилци со него од Аглон за Хеврон, го опседнаа, го презеде и го порази со меч него и царот негов, сите градови негови и сѐ живо, што се наоѓаше во него; не остави никој, што не беше убиен; како што постапи со Аглон, така го порази и него и сѐ живо, што се наоѓаше во него. Потоа се обрна Исус и целиот Израил со него кон Давир и го опседна; го презедоа него, царот негов и сите села негови, и го поразија со меч, и ги истребија нив и сѐ живо, што се наоѓаше во него: никого не остави жив; како што постапи со Хеврон и царот негов, со Левна и царот нејзин, така постапи и со Давир и царот негов. И ја порази Исус целата планинска земја, и Нагев и рамницата и Асидот и сите цареви нивни; не остави никого да преживее, и сѐ живо погуби, како што беше заповедал Господ, Бог Изриалев. го порази Исус од Кадис – Варни дури до Газа и целата земја Госом дури до Гаваон; и сите тие цареви и земјите нивни Исус ги презеде веднаш, бидејќи Господ, Бог Израилев, му помагаше на Израилот. Потоа Исус и сите Израилци со него се вратија во логорот, во Галгал. Кога го чу тоа асорскиот цар Јавин, прати луѓе кај мадонскиот цар Јовав и кај семерскиот цар, и кај ахавскиот цар, и кај царевите, што живееја на планината, и во Арав спрема Хенерет, и во рамнината и во Нафадор и кај приморските Хананејци, што живееја на исток, и кај приморските Аморејци, и кај Хетејците, и кај Ферезејците и Јевусејците, кои живееја во планината, и кај Евејците, што се под Аермон, во земјата Масиф. И излегоа сите тие цареви, а со нив и многу луѓе, толку многу колку песокта во приморјето, со коњи и многу коли. И слегоа сите тие цареви, па се соединија и се сместија кај водата Марон, за да војуваа против Израилот. но Господ му рече на Исуса: »Не се плаши од нив, зашто утре, во ова време, ќе им ги предадам нив сите на синовите Изралеви, за да ги убијат; а на коњите да им ги пресечат жилите и колите со оган да ги изгорат.« Исус и со него сите способни за војна излегоа ненадејно против нив кај Меронската вода и ги нападнаа во планините. И Господ ги предаде во рацете Израилеви, и тие ги разбија и ги гонеа дури до големиот Сидон и до Масерфот – Маим и до полињата Масифски на исток, и ги убиваа сѐ додека од нив не остана никој жив, или да избега. И постапи Исус со нив така, како што му рече Господ: на коњите им ги пресече жилите, а колите им ги изгоре со оган. Во исто време Исус, откако се врати, го презеде Асор и царот негов го уби со меч. Асор, пак, порано владееше над сите тие царства; и погуби со меч сѐ живо, што беше во него, и не остави во него ниедна жива душа. А Асор, тој го изгоре со оган. И сите градови на тие цареви ги зазеде Исус, и царевите со меч ги уби, како што беше заповедал Мојсеј, слугата Господов. Но, сите тие утврдени градови, Израилот не ги изгоре, освен само Асор, кој го запали Исус. А сето богатство од тие градови и сиот добиток го запленија синовите Израилеви; сите луѓе, пак, ги убија со меч, така што сите беа истребени; не оставија од нив ниту една жива душа. Како што му беше заповедал Гопод на својот слуга Мојсеј, така Мојсеј му заповеда на Исуса, а Исус така и направи: не отстапи ниту од еден збор во сѐ што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Така ја презеде Исус целата онаа планинска земја, и целата земја Нагев и целата земја Госом, како и рамнината на запад, и планината Израилева, и полињата покрај планината, од планината Хелх, која се протега кон Сеир, и дури до Валгад, и полето Ливан, под планината Аермон, и сите цареви нивни ги фати и ги уби. Долго време Исус војуваше со тие цареви. И немаше ниеден град, кој Господ не му го предаде на Израилот, освен Гаваон во кој жевееја Евејците; сите тие со борба ги зазедоа; зашто од Господа беше тоа, тие да го ожесточат срцето свое и да започнат борба против Израилот – за да бидат истребени и за нив да нема милост, туку да бидат погубени така, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. Во тоа време пристигна Исус и ги порази сите Енакијци на планината, во Хеврон, во Давир, во Анов, по целата планина Израилева, и по целата планина Јудина со градовите нивни и ги истреби Исус. Од Енакијците на остана ниеден во земјата на синовите Израилеви; останаа само во Газа, во Гет и во Асидот. Така ја презеде Исус целата земја, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, и му ја предаде Исус во наследство на Израилот, откако ја раздели на племињата нивни. И земјата престана да војува. Еве ги царевите на оние земји, кои синовите Израилеви ги убија и чија земја ја наследија од онаа страна на Јордан, од источната страна, од Арнонската долина дури до планината Ермон, и целата рамнина на исток; Сион, аморејскиот цар, кој живееше во Есевон и владееше од Ариор, што е кај бреговите на потокот Арнон, кон средината на потокот, и половината Галад, до потокот Јавок, предели на синовите амонитски; И Арав дури до Хенеретското Море на исток, и дури до морето Аравско, Соленото Море, на исток по патот за Витсимот, и од Теман кое е под гората Фазга; и Ог, васанскиот цар, последниот од исполините кој живееше во Астарот и во Едраин, и владееше од планината Ермон и Селха, и со целиот Васан, до Гесурската и Махатската граница, и со половината на Галад, до пределите на есевоскиот цар Сион. Мојсеј, слугата Господов, и синовите Израилеви ги убија; и ја даде Мојсеј, слугата Господов, во наследство на племето Рувимово и Гадово и на полуплемето Манасиево. А ова се царевите аморејски, кои ги прази Исус и синовите Израилеви од онаа страна на Јордан на запад, крај морето Валгад во Ливанската долина до планината Алок, која се протега кон Сеир, и чија земја Исус им ја даде во наследство на племињата Израилеви со жреб; по планината, по низините, и во Арав, и во Асидот, и во пустињата, и во Нагев, каде што живеат Хетејците, Аморејците, Хананејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците; царот јерихонски и царот на Гај, што е близу до Ветил, царот ерусалимски, царот хевронски, царот јеримутски, царот лахиски, царот еглонски, царот газерски, царот давирски, царот гадерски, царот ерматски, царот адерски, царот левиски, царот одоламски, царот макидски, царот ветилски, царот апфуски, царот оферски, царот афекски, царот хесаромски, царот самвронски, царот фувски, царот маронски, царот ахсадски, царот танахски, царот магдедонски, царот кедески, царот јаконски, – Хермел царот адорски при Нафедор, царот гоимски во Галгал, и царот терски. Вкупно триесет и еден цар. Кога Исус остаре и беше во напредна возраст, Господ му рече: »Ти остаре и веќе си во напреднати години, а останува уште многу да се завладее. Остануваа уште овие земји: сите филистимски предели, Гесур и Ханан, ненаселениот ханански крај од Египет дури до границите на Акарон на север, им припаѓа на пет филистимски области: Газа, Азот, Аскалонит, Гет Акаронит и Евеја. Од Теман, пак, целата Хананска земја спрема Газа и Сидон, до Афек, дури до аморејските граници. исто така целата земја Гавла филистимска и целиот Ливан од исток, од Галгал, што е под планината Ермон, до влезот во Емат. Сите планински жители од Ливан до Масерфот – Маим, сите сидонци Јас ќе ги изгонам пред синовите Израилеви. Па раздели му ја со жреб на Израилот, како што ти заповедав; раздели ја оваа земја сега како дел од наследството на деветте племиња и на племето Манасиево – од Јордан дури до Големото Море на запад; ним дај им ја: Големото Море нека биде граница.« А племето Рувимово и Гадово, со другото полуплеме Манасиево, го добија својот дел од Мојсеја од онаа страна на Јордан, на исток, како што им беше дал Мојсеј, слугата Господов, од Ариор, кој е до устието на потокот Арнон, и градот, кој е среде долината, и целиот Мисор од Медаван; исто така сите градови на аморејскиот цар Сион, кој царуваше во Есевон дури до пределите на амонитските синови, како и Галад и Гесурската и Мехадската област, и целата планина Аермон и целиот Васан до Елхи, целото царство Огово во Васан, кој царуваше во Астарот и во Едраин. Тој сам остана од исполините, кого Мојсеј го порази и уби. Но Израилевите синови не ги изгонија жителите на Гесур и Махад и Ханан, и Ресурците и Махатците жевеат меѓу Израилот и до ден денешен. Само на Левиевото племе не му даде наследство; Господ, Израилевиот Бог, е негово наследство, како што му беше рекол Господ; а ова се деловите, што им ги определи Мојсеј на синовите Израилеви според племињата нивни во Аравот Моавски од онаа страна на Јордан, спроти Јерихон: на племето на Рувимовите синови според родовите нивни Мојсеј им даде дел: нивните предели беа од Ариор, што е спрема долината Арнонска, и градот, што е во долината Арнонска, и сета земја Мисорска дури до Есевон и Девор и Вамот Вал, И Јаса, и Кадимот, и Мифат, и Кариатем, и Севам и Сард, и Сиор на планината Енак, и Бетфагор, и Асидот – Фасга, и Витсимут; сите градови Мисорски и целото царство на аморејсиот цар Сион, кој царуваше во Есевон, и кого го уби Мојсеј, како и мадијамските старешини Евија, и Роком, и Сур, Ур и Ровек, сиорски кнезови, што живееја во таа земја; исто така и врачот Валаам, Веоровиот син, го убија со меч Израилевите синови во борбата. Предел на Рувимовите синови беше Јордан. Тоа беше делот на Рувимовите синови според племињата нивни, – градовите и селата нивни. Мојсеј им даде наследство и на Гадовите синови, според племињата нивни: нивни предели беа Јазир и сите галадски градови и половината од земјата на Амоновите синови до Ароир, што е пред Рават; и земјите од Есевон до Рамот кај Масфе и Вотаним и Манаим до Дивировите предели, а и во Емек Витарам, и Витнамра, и Сахот Сафон, остаток од царството на есевонскиот цар Сион; неговата граница беше Јордан до Хенеретското Море од онаа страна на Јордан, кон исток. Тоа е наследството на Гадовите синови според племињата нивни, – градовите нивни и селата нивни. Мојсеј му даде дел и на полуплемето Манасиево, според родовите нивни; нивни предели беа: од Манаим, и целот царство Васанско, и целото царство на васанскиот цар Ог и сите села Јаирови во Васан – шеесет градови; а половината од Галад, и во Астарот и во Едраин, градови царски на Ог Васански, тие им беа дадени на синовите од Махира, Манасиев син, и половина на Махировите синови, според родовите нивни. Тоа е наследство што им го даде Мојсеј во Аравот Моавски од онаа страна на Јордан, спроти Јерихон, кон исток. А на Левиевото племе Мојсеј не ме даде дел: Самиот Господ, Бог Израилев, е нивни дел, како што им беше рекол Он. Еве што наследија синовите Израилеви во Хананската земја, што им раздели свештеникот Елеазар и Исус Навинов, и кнезовите на татковските племиња на синовите Израилиеви; на деветте племиња и на полуплемето Манасиево, разделба извршија со жреб, како што беше заповедал Господ преку Мојсеја, зашто на двете племиња и на племето Манасиево Мојсеј им даде наследство од онаа страна на Јордан; а на левитите не им даде дел меѓу нив, бидејќи од Јосифовите синови произлегоа две племиња: Манасиевото и Ефремовото; поради тоа не им се даде на Левитите дел од земјата, туку само градови за живеење и предградија за добитокот нивни и за други нивни потреби. Како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, така и направија синовите Израилеви, кога ја разделуваа земјата. Јудините синови дојдоа во Галгал кај Исуса. И му рече Кенезеецот Халев, синот Јефониев: »Ти знаеш, што му говореше Господ на Мојсеја, човекот Божји, за мене и за тебе во Кадис-Варни. Јас бев на четириесет години, кога Мојсеј, слугата Господов, ме прати од Кадис-Варни да ја разгледам земјата и му донесов одговор, она што ми беше на срцето; браќата мои, кои одеа со мене, го обесхрабрија срцето на народот, но јас точно го следев Господа, мојот Бог; и се заколна Мојсеј во оној ден, велејќи: ‚земјата, по која одеше, ќе биде наследство за тебе и за децата твои за навек, бидејќи ти одеше точно по Господа, мојот Бог.‘ И така, ете, Господ ме запази жив, како што говореше; четириесет и пет години веќе изминаа, откога Господ му ги беше кажал тие зборови на Мојсеја, и Израилот одеше по пустиња; сега, еве, јас сум на осумдесет и пет години; но и сега сум толку цврст, како и тогаш, кога ме прати Мојсеј: колку што имав сила тогаш, толку имам и сега, да влегувам, да излегувам и да војувам. Затоа, дај ми ја таа гора, за која говореше Господ во оној ден; бидејќи ти чу во тој ден, дека таму живеат Енаковите синови, и тие имаат градови големи и утврдени; можеби, Господ ќе биде со мене, и јас ќе ги истерам, како што ми рече Господ.« Исус го благослови и му го даде во наследство Хеврон на Јефоновиот син Халев, Кенезеецот. Затоа Хеврон остана и до денес во наследство на Јефониовиот син Халев, Кенезеецот, бидејќи постојано се покоруваше на заповедите од Господа, Израилевиот Бог. Името на Хеврон порано беше Аргов, како што се викаше еден крупен човек меѓу синовите Енакови. Така земјата се смири од војна. Племето на Јудините синови, според родовите нивни, го доби овој предел: граница до Идумеја им беше пустињата Син кон Лив и дури до Кадис на југ. Нивната јужна граница беше дел од Соленото Море, што се простира на југ; на југ таа оди кон Акравим на возвишението, го обиколува Син, влегува од југ кон Кадис-Варни, излегува на Есрон и се протега до Адар, оди на запад од Кадис и свртува кон Акрак, потоа излегува на Асемон, оди кон Египетската долина, така што крајот на таа граница е морето. Тоа е нивната јужна граница. Границата на исток и целото Солено море, до крајот на Јордан; а границата на север почнува од Соленото Море до крајот на Јордан; оттука границата оди кон Витагла, мунува на север кон Ветара и оди угоре до каменот на Рувимовиот син Веор; потоа границата се спушта кон Давир од долината Ахор на север свртува кон Галгал, кој е спроти возвишението Адамин на југ од потокот; потоа границата преминува кон источните води и завршува кај Рогил; оттука границата оди угоре кон долината на Еномовите синови, на југ од Јевус, кој е Ерусалим; и границата оди по врвот на гората, што е на запад спроти Еномовата долина кон морето до крајот на Рефаимската долина на север; од врвот на гората границата свртува кон изворот на водите Нефтоах и оди преку гората Ефрон; и границата свртува кон Ваал, а тоа е градот Јарим; потоа границата свртува од Ваал кон морето и оди кон планината Сир и излегува на север зад градот Јарим, кој и Хаслон, слегува кон градот на сонцето и мине на југ; оттука границата оди на север позади Акарон; границата свртува кон Сакхарон, мунува преку гората на Ваалови стигнува до Јавнил; и границата завршува кај морето. Западната граница е Големото Море. Тоа се околните граници на Јудините синови според нивните родови. А на Јефоновиот син Халев Исус му даде еден дел меѓу Јудините синови, како што му беше заповедал Господ на Исуса; а му го даде Исус и градот Киријат-Арва, односно таткото Енаков; тоа е градот Хеврон. Јефоновиот син Хелав ги истера оттаму трите Енакови синови: Суси, Толмај и Ахим. Оттаму Халев тргна против Давираните; порано Давир се нарекуваше Киргејат-Сефер. И рече Халев: »Кој ќе го порази Давир и го презеде, ќе му ја дадам ќерката моја Асхан за жена.« И го презеде Готонил, син на Кенезеецот, братот на Халев, и тој му ја даде ќерка си Асхан за жена. Кога требаше таа да замине, ја посоветува да побара од таткото свој земја, и таа слезе од ослето. Халев ја запраша: »Што сакаш?« Таа одговори: »Благослови ме; ми даде јужна земја, дај ми ги и Голат-Маим.« И тој ѝ ги даде Голат-Маим, горните и долните извори. Ете тоа е наследството на племето на Јудините синови, според родовите нивни. А ова се градовите на Јудините синови, во пределите соседни на Идумеја, на југ: Кавсен, Едраим и Јагур; Кина, Димона, Адада, Кадес, Асор, и Итнасит, Телем, Зиф и Валот, Асор новиот, и градот Асером, инаку Асор, Ама, Сама и Модада, Асергада и Вефталет, Асарсула и Вирсавија со селата нивни и предградијата нивни. Вал, Авим и Асем, Елтолад, Хесил и Ерма, Сикелек, Ведевина и Сансана, Лавот, Селеим, Аин и Ремон; сите градови се дваесет и девет со селата нивни. Во рамнината: Естаол, Сара, Асна и Рамен Зано, Ингоним, Тафуа и Инаим, Јеримут, Одолам и Немра, Сохо и Азика, Сагарим, Адијатаим, Гадира со селата нејзини; четириесет градови со селата нивни. Сенам, Адаса, Магдалгад, Далан, Масфа, и Јектаил, Лахис, Васхат и Еглом, Хавон, Ламас и Хатлос, Гадирот, Вит-Дагон, Нома и Макид; шеснаесет градови со селата нивни. Левна, Атер и Асан, Јефта, Асен и Несит, Кејла, Ахзев и Мариса и Едом: девет градови со селата нивни. Акарон и селата негови, и предградијата негови, и од Акарон, Јемна и сѐ што е до Аздот со селата нивни. Азот, селата негови и предградијата негови, Газа, со селата нејзини и предградијата нејзини, до самиот Египетски поток и до Големото Море, кое што е граница; и на возвишенијата: Сафир, Јефер и Сохо, и Рена, град убав, а тоа е Давир, Анов, Естемо и Аним, Госом, Хилуон и Гилом, единаесет градови со селата нивни. Ерев, Есан и Рума, Јанум, Вет-Тафуе и Афак, Хамата и градот Арво, а тоа е Хеврон, и Сиор – градови девет и селата нивни. Маон, Хермел, Зиф и Јета, Јездраел, Јекдам и Зано, Аким, Гава и Тамна – градови десет со селата нивни. Алул, Ветсур и Гедор, Марот, Ветанон и Еледекен – шест градови со селата нивни; Теко, Ефрата, односно Витлеем Фагор, Етам, Кулон, Татами, Сорис, Карем, Галим, Ветир и Манохо: единаесет градови со селата нивни. Каријат-Вал, а тоа е градот Јарим, и Арева: два града со селата и предградијата нивни; Вадаргис и Витарава, Мадон и Сахоха, Невсан, градот на сол, и Ингад – шест градови и селата нивни. Но Јудините синови не можеа да ги изгонат Јевусејците, жителите на Ерусалим, и затоа Јевусејците живеат со синовите на Јуда во Ерусалим до денес. Потоа жребот падна на Јосифовите синови: од Јордан кај Јерихон, кон Јерихон на исток, во планинската пустиња, која се протега од Јерихон кон Ветил; од Ветил границата оди кон Луз и мунува кон пределот Архијатарот, се спушта кон морето, кон границата Јефалтимска дури до пределот Ветарон долни, па и до Газер и излегува кај морето. Тоа го добија како дел Јосифовите синови Ефрем и Манасија. Границата на Ефремовите синови според родовите нивни беше оваа: откај исток границата на нивното наследство беше Атарот и Адар до горни Веторон; потоа границата оди кон морето на север до Махтот, свртува на исток кон Тинат-Силом и минува источно од Јанох; а од Јанох, откако слегува кон Атарот и Нарат, допира до Јерихон, и селата нивни и излегува на Јерихон; од Тапфу границата оди кон морето, кај потокот Кана, и завршува кај морето. Тоа е делот на племето на синовите Ефремови, според родовите нивни. Имаше одделни градови за Ефремовите синови и во наследство на Манасеивите синови, – и сите тие градови беа со селата нивни. Но Ефремовите синови не ги изгонија Хананејците, кои живееја во Газер; затоа Хананејците живеат меѓу Ефремовците до денес, и им плаќаат данок. Најпосле дојде египетскот цар – Фараон, го презеде градот и со оган го изгори, а Хананејците и Ферезејците и жителите на Газер беа убиени, а Фараонот го даде пленот на ќерката своја. Еве го наследството на племето Манасиево, кој беше Јосифов првороден син. На Манасиевиот првороден син Махир, татко на Галад, кој беше храбар во борба, му се падна Галад и Васан. Добија наследство и другите Манасиеви синови, според родовите нивни; и синовите Ахизерови, и синовите Елекови, и синовите Есрилови, и синовите Сехемови, и синовите Семираелови, и синовите Оферови. Тоа се синовите Манасиеви, синот на Јосифа, според родовите нивни. Салпад, пак, синот на Офер, кој беше син на Галад, а овој – син на Мехир, Манасиев син, немаше синови, туку само ќерки. Еве ги имињата на ќерките негови: Мала, Нуа, Егла, Мелха и Терса. Тие дојдоа кај свештеникот Елеазар и кај Исуса, синот Навинов, и кај кнезовите, и рекоа: »Бог му беше заповедал на Мојсеја да ни даде дел меѓу нашите браќа.« И им се даде наследство, па заповед на Господа, меѓу браќата на таткото нивни. И Манасија го доби во наследство полето Лавеково, освен земјата Галадска и Васанска од онаа страна на Јордан; зашто ќерките на синовите Манасиеви добија делови меѓу синовите негови, а Галадската земја им се падна на другите Манасиеви синови. Границата на синовите Мансиеви оди до Асир-Махтот и Данат, кој е спроти Сихем; оттука границата излегува на Јамин и на Јасиф, кај изворот Тафтот. Земјата Тафтот му се падна на Манасија, а пределот на Манасеивиот Тафтот – на Ефремовите синови. Оттука границата слегува кон долината на Кана, на југ по долината Јарим. Градот Теревит му припаѓа на Ефрема, иако е меѓу градовите на Манасија. Манасиевата граница е на север од потокот и завршува кај морето. Она што е на југ, тоа е Ефремово, а она што е на север, тоа е Манасиево; а морето им е нивна граница; со Асир се граничи откај север, а со Исихар откај исток. На Манасија му припаднаа меѓу Исахар и Асир, Ветсан со селата негови, Јевлам и селата негови, жителите на Дор и потчинетите му села, жителите на Ендор и потчитените му села, жителите на Магед и потчинетите му села, и жителите во Танах, и селата негови, и трет дел од Нафет и селата негови. Манасиевите синови не можеа да ги изгонат жителите на тие градови и Хананејците останаа да живеат во таа земја. Кога, пак, Израилевите синови се зацврстија, ги направија Хананејците свои поданици, но – не ги изгонија. Јосифовите синови му се противставија на Исуса и рекоа: »Зошто ни даде за наследство еден жреб и едно јаже, кога сме ние многубројни, бидејќи така нѐ благословувал Господ досега?« Исус им одговори: »Ако сте многубројни, одете во гората и таму, во земјата на Ферезејците и Ратајците, расчистете си место, штом гората Ефремова ви е тесна.« Јосифовите синови рекоа: »Гората Ефремова не ни е доволна; а сите Хананејци, што живеат во долината, имаа железни коли, како оние, што се во земјата Вет-Сан и во селата нивни, така и оние, што се во Језраелската долина.« Но Исус му рече на Јосифовиот дом, на Ефрема и на Манасија: »Кога си многуброен и имаш голема сила, нема да останеш само со еден жреб; и гората нека биде твоја, и неа ти ќе ја расчистиш, и таа ќе биде твоја до самиот крај; бидејќи ти ќе ги изгониш Хананејците, иако тие имаа железни коли, иако се силни, ти ќе ги присилиш.« И целото општество на Израилевите синови се собраа во Силом, ја поставија таму скинијата на сведоштвото, бидејќи земјата беше покорена од нив. А од синовите Израилеви останаа уште седум племиња, кои не беа добиле свое наследство. И им рече Исус на синовите Израилеви: »До кога ќе се колебате, и не отидете да ја земете земјата, што ви ја дава Господ, Бог на татковците ваши? Изберете си меѓу себе по три човека од секое племе и јас ќе ги пратам, и тие ќе станат, ќе ја обиколат земјата и ќе ја опишат, според тоа како ќе треба да им се раздели на делови, и ќе дојдат кај мене. И нека ја разделат на седум делови: Јуда нека го задржи пределот свој од Лив, а синовите Јосифови да останат во пределите свои на север. А вие разделете ја земјата на седум делови и донесете ми го предлогот овде; Јас ќе ви фрлам жреб пред Господа, нашиот Бог. А за левитите нема дел меѓу вас, бидејќи свештенството Господово е нивни дел; Гад, пак, и Рувим и полуплемето Манасиево добија наследство од онаа страна на Јордан, на исток, што им го даде Мојсеј, слугата Господов.« Тие луѓе станаа и отидоа. А на луѓето, кои отидоа за да ја опишат земјата, Исус им даде заповед: »Одете, обиколете ја земјата, обележете ја и вратете се кај мене; јас, пак, овде ќе ви фрлам жреб пред Господа, во Силом.« Тие луѓе отидоа, ја обиколија земјата, ја разгледаа и ја обележија, според градовите нејзини, на седум делови, па дојдоа кај Исуса во логорот, во Силом. Исус им фрли жреб во Силом пред Господа, и ја раздели таму Исус земјата меѓу синовите Израилеви, според тоа како што се делеја. И се фрли жреб прво за племето на Венијаминовите синови, според родовите нивни. Според жребот границата им минува меѓу синовите Јудини и меѓу синовите Јосифови; границата нивна на север почнува од Јордан, мунува зад Јерихон од север, се искачува по планината кон морето и завршува кај Мавдарит Вет-Авен; оттаму границата оди кон Луз, на југ од Луз, инаку Ветил, и границата слегува кон Атарот-Адар, кон гората, што е на југ од долни Веторон; потоа границата свртува и се спушта кон морската страна од Лив, од гората, што е на југ пред Веторон и завршува кај Киријат-Вал, инаку Киријат-Јарим, град на Јудините синови. Тоа е западната страна. А делот, што оди од Киријат-Вал кон Лив, излегува кај морето, во Гај, и стигнува до водните извори на Нафтоновите; потоа границата слегува кон крајот на гората што е пред долината на Еномовиот син, а во долината, која е дел од Емек Рафајски, слегува кон Ген, оди на Јевус до југ и излегува кај изворот Рогил; потоа свртува од север, минува кон изворот Самес, оди кон Галилот, кој е спроти ридот Адумим, и слегува кон каменот на Рувимовиот син Ван; потоа минува позади Ветерава од север и слегува кон Арава; оттука границата се спушта од Арава и минува зад Ветагла на север и завршува кај ридот на Соленото Море, во јужниот крај на Јордан. Тоа е јужната граница. Од исток, пак, за граница служи Јордан. Тоа е наследството на Венијаминовите синови, со околните граници негови според родовите нивни. На племето на Венијаминовите синови, според родовите нивни, им припаднаа овие градови: Јерихон, Витагла, Амеккасис, Ветерава, Семрим и Ветил, Авим, Афара, Афра и Екарен, Кафирамин, Афни и Гавла: дванесет градови со селата нивни; Гаваон, Рама и Вирот, Масфа, Хефира и Амоса, Рекем, Јефаил и Тарала, Силалер и Јевус, инаку Ерусалим, и Гават и градот Јарим: четиринаесет градови со селата нивни. Тоа е делот на Венијаминовите синови, според родовите нивни. Вториот жреб падна за Симеона, за племето на Симеоновите синови, според родовите нивни; и наследството нивно беше меѓу делот на Јудините синови. Во делот нивни беа: Вирсавија и Сава, Молада, Асарсуал, Вал и Асем, Елтулад, и Еома, Секелаг, Вет-Маркавот, Свот и Асар-Суса, Веталват и селата негови, тринаесет градови со селата нивни; Аин, Ремот, Етер и Асам: четири града со селата нивни, и сите предградија околу тие градови дури до Ваалтерирамот, од Јамет кон Лив. Тоа е делот на племето на Симеоновите синови, според родовите нивни. Од делот на Јудините синови се оддели наследство за племето на Симеоновите синови; бидејќи делот на Јудините синови беше многу голем за нив, затоа Симеоновите синови добија наследство меѓу нивниот дел. Третиот дел им се падна на Завулоновите синови, според родовите нивни и границата на нивниот дел се простираше до Сарид; границата нивна излегува кон морето и Марила и допира до Давасет и се спушта по долината, што е пред Јекнам; од Сарид оди назад кон исток, каде што изгрева сонцето до границата на Хасалот-Тавор; оттука продолжува кон Даврат и излегува кај Јафаги; оттаму минува на исток во Гетаефер, во градот Касим, и оди кон Ремон, Мафарим, Ануа; од север границата свртува кон Енатот и завршува во Гај Јефтаил; понатаму таа ги опфаќа: Катат, Налол, Семрон, Јадила, и Витлеем: дванаесет градови со селата нивни. Тоа е наследството на Завулоновите синови, според родовите нивни – градовите и селата нивни. Четвртиот жреб падна на Исахар, за Исахаровите синови, според родовите нивни; нивната граница беше: Језраил, Ахаселот и Сунам, Аферафим, Сиан и Ренат и Анахарет, Равот, Кесион и Аеме, Рамат, Ен-Ганим, Анада и Ветфасис; границата допира до Тавор, и кај Сасимат во приморјето и до Ветсмас, и завршува кај Јордан: шеснаесет градови со селата нивни. Тоа е наследството на племето на Исахаровите синови, според родовите нивни – градовите и селата нивни. Петтиот жреб падна за племето на Асировите синови, според родовите нивни; нивна граница беа: Хелкат, Оли, Ватне, и Ахсав, Аламелех, Амад, и Масал; границата се ближи до Кармил откај запад и со Сиор и до Лаванат. Потоа оди назад кон исток во Вит-Дагон, допира до Завулон и оди до Гај Јефтаил на север и влегува во пределите на Асат во Бит-Аемек и Анил, и преоѓа во Хавол, од лево; понатаму таа ги опфаќа: Арон, Роов, Амон и Кана, дури до големиот Сидон; потоа границата се враќа кон пределот на Рама до утврдениот град Тир, свртува кон пределот Суси и завршува од Уж, кај морето, во гратчето Ахзив; понатаму ги опфаќа: Ама, Афек и Раов: дваесет и два града со селата нивни. Тоа е делот на племето на Асировите синови, според родовите нивни – градовите со селата нивни. Шестиот се фрли за Нефталим, за синовите Нефталимови, според родовите нивни; Границата нивна оди од Мелев и Милон, го опфаќа Весенаим, Арме, Накев и Јавнил, дури до Лакум и завршува кај Јордан; оттука границата свртува на запад кон Азанот-Тавор и оттаму оди кон Икок, и допира до Завулона од југ, допира и до Асир, од запад, и до Јуда кај Јордан, откај источната страна. Утврдени градови беа: Тиријан, Тир, Амат, Рекат и Хенерот, Адами, Рама и Асор, Кедес, Едреј и изворот Асор, Јарион, Магдалил, Оран, Ветанат и Тасмус: деветнаесет градови со селата нивни. Тоа е наследството на племето на Нефталимовите синови, според родовите нивни – градовите и селата нивни. За племето на Дановите синови, според родовите нивни, се фрли седмиот жреб. Границите на нивниот дел беа: Сара и Естаол и градовите: Самес, Саламин и Еалон, Јетла, Елон и Тамна, Акарон и Елтеко, Гаватан, Ватот и Јут, Ваниварак и Гетремон, и откај морето Јеракон и Иракон со границата близу до Јопија. И делот на Дановите синови излезе мал за нив. Тогаш Дановите синови кренаа војска против Ласем, го презедоа и го поразија со меч, завладувајќи го и се населија во него, и Ласем го нарекоа Ласемдан, според името на таткото свој Дан. Аморејците останаа да живеат во Елом и Саламин, но раката Ефремова ги надви и тие станаа негови поданици. Тоа е наследството на племето на Дановите синови, според родовите нивни – градовите и селата нивни. Дановите синови не ги истребија Аморејците, што ги беа притиснале во гората, и тие, на Аморејците не им дозволуваа да слезат во долината, па им го одзедоа нивниот дел. Откако заврши делбата на земјата, според границите нејзини, синовите Израилеви му дадоа меѓу нив населедство и на Исуса, синот Навинов: по заповед на Господа му го дадоа градот Тамнат-Сарај, кого тој го побара, на Ефремовата гора; и тој си изгради град и се всели во него. Тоа се наследствата што свештеникот Елеазар, Исус, синот Навинов, и кнезовите на таковските племиња им ги разделија на синовите Израилеви, со жреб, во Силом, пред Господа, при влезот во Скинијата на сведоштвото. И завршија со поделбата на земјата. И му рече Господ на Исуса, велејќи: »Кажи им на синовите Израилеви: одредете си ги градовите прибежишта, за кое ви говорев преку Мојсеја, за да може да избега таму убиец, кој убил човек по грешка, без умисла; нека ви бидат тие градови прибежиште за да не умре убиецот од одмаздникот за крв додека не застане пред народен суд. И кој ќе избега во еден од тие градови, нека застане пред портите од градот и гласно нека го раскаже делото свое на градските старешини; тие да го примат кај себе во градот и да му дадат место, за да живее при нив; и кога одмаздникот за крв ќе го подгони, тие не треба да го предадат убиецот во рацете негови, зашто тој убил ближен свој без умисла и немал спрема него омраза ни вчера ни завчера. И нека се всели во тој град, додека не излезе на суд пред народот, додека не умре големиот свештеник, што ќе биде во тие денови. А потоа убиецот нека се врати и нека си оди во градот свој и во домот свој, од каде што избегал.« И го одредија Кедес во Галилеја, во Нефталимовата гора, Сихем во Ефремовата гора, и градот Арво, инаку Хеврон, во гората Јудина; од онаа страна на Јордан, спроти Јерихон на исток, го одредија: Восор во пустињата, во рамнината, од Рувимовото племе, Рамот во Галад, од Гадовото племе, и Голан во Васан, од Манасиевото племе. Тие градови беа одредени за сите Израилеви синови и за придојдените, кои живеат меѓу нив, за да избега таму секој, кој по грешка убил човек, за да не умре од раката на одмаздникот за крв, пред да излезе на суд пред народот. Левитските старешини на татковските домови дојдоа кај свештеникот Елеазар, кај Исуса, синот Навинов, и кај племенските старешини на Израилевите синови, и им рекоа во Силом, во Хананската земја, велејќи: »Господ беше заповедал преку Мојсеја да ни дадете градови за живеење и околни нивни предградија за добитокот наш.« И синовите Израилеви им дадоа на левитите од деловите свои, според заповедта на Господа, овие градови со нивните околни предградија. И се фрли жреб за Катовите родови и според жребот на синовите од свештеникот Арон, кои беа левити, им се паднаа тринаесет градови – од Јудиното племе, од Сименовото племе и од Венијаминовото племе; а на другите Катови синови според жребот за родовите на Ефремовото племе, на Дановото племе и на полуплемето Манасиево им се паднаа – десет градови; на Гирсоновите синови од племето Исахарово, од Асировото племе, од Нефталимовото племе и од полуплемето Манасиево во Васан со жреб им припаднаа – тринаесет градови; на Мерариевите синови, според родовите нивни, од Рувимовото племе, од Гадовото племе и од Завулоновото племе – дванаесет градови. Синовите Израилеви им ги дадоа на левитите тие градови и предградијата нивни со жреб, како што беше заповедал Господ преку Мојсеја. А синовите од племето Јудино и од племето Симеоново и од племето Венијаминово им ги дадоа овие градови што се набројуваа според имињата свои: на Ароновите синови, од родовите Катови, меѓу синовите Левиеви, бедејќи нивниот жреб беше прв. Им го дадоа Киријет-Арва, односно градот на Арво, Енаковиот татко, инаку градот Хеврон, во Јудината гора, заедно со околиите негови; а полето на тој град и селата негови му ги дадоа во наследство на Јефониевиот син Халев. И така, на синовите на свештеникот Арон им го дадоа градот Хеврон, со околиите негови, како град-прибежиште за убијците, и Левна со околината нејзина, Јетер со околината негова, Естем со околината негова, Олон со околината негова, Давир со околината негова, Аин со околината негова, Јета со околината нејзина; Ветсамис со околината негова – девет градови од тие две племиња; од Венијаминовото колено: Гаваон со околината негова, Гаве со околината нејзина, Анатот со околината негова, Алмон со околината негова – четири града. Сите градови на синовите Аронови, свештениците, се тринаесет градови со околините нивни. И на родовите од Катовите синови, левитите, – што уште беа останале од Катовите синови, според нивниот жреб, им се паднаа градовите од пределите на племето Ефремово: им го дадоа Сихем со околината негова, како град прибежиште за убијци, во Ефремовата гора, и Газер со околината негова. Кавсаим со околината негова, Веторон со околината негова – четири града; а од Дановото племе: Елтекон со околината негова и Гаветон со околината негова, Елон со околината негова и Гетремон со околината негова – четири града; од полуплемето Мансиево: Танах со околината негова, и Ветсам со околината негова – два града. Сите градови што им се паднаа на другите Катови синови, се десет града со околините нивни. А на Гирсоновите синови, сродници на левитите, им ги дадоа: од полуплемето Манасиево Голан во Васан со околината негова, град прибежиште за убијци, и Вестера со околината нејзина – два града; од Исахаровото племе: Кисон со околината негова, Деврат со околината негова, Јермот со околината негова, Ен-Ганим со околината негова – четири града; од Асировото племе: Масал со околината негова, Авдон со околината негова; Телкат со околината негова, Реов со околината негова – четири града; од Нефталимовото племе: Кедес во Галилеја со околината негова, – град прибежиште за убијци, Ематор со околината негова и Ноемон со околината негова – три града. Сите градови што им се паднаа на Гирсоновите синови, според племињата нивни, се тринаесет градови со околините нивни. На другите левити, од родовите на Мерариевите синови, им ги дадоа од Завулоновото племе: Јекнам со околината негова, Карта со околината нејзина. Дамна со околината нејзина, Налол со околината негова – четири града; од онаа страна на Јордан спроти Јерихон од Рувимовото племе им беше даден градот прибежиште за убијци Восор, во пустињата Мисор, со околината негова, Јазир со околината негова, Гедсон со околината негова, Масфа со околината нејзина – четири града; од Гадовото племе: Рамот со околината негова, градот прибежиште за убијци, Рамот во Галад, Манаим со околината негова. Есевон со околината негова, Јазир со околината негова – града четири. Сите градови, што им се паднаа со жреб на другите левитски родови, од Мерариевите синови, според домовите нивни, се дванаесет града. Сите левитски градови, што беа во наследствата на синовите Израилеви, беа четириесет и осум града со околините нивни. При тие градови околу секој град имаше околина; така беше кај сите тие градови. Кога Исус ја заврши делбата на земјата според пределите нејзини, Израилевите синови му дадоа дел на Исуса по заповед на Господа, му го дадоа градот, кој само го бараше, му го дадоа Тамнасахар, во Ефремовата гора; тогаш Исус го изгради градот, што го беше побарал, и живееше во него. И ги зеде Исус камените ножеви, – со кои ги беше обрезал Израилевите синови, родени по патот во пустињата, бидејќи тие не беа обрезани во пустињата, – и го постави во Тамнасахар. И така Господ му ја предаде на Израилот целата замја, за која им се заколна на нивните таковци дека ќе им ја даде; тие ја наследија и се населија во неа. И Господ им даде спокојство отсекаде, како што им се беше заколнал на татковците нивни, и никој од непријателите нивни не устои против нив; сите нивни непријатели Господ им ги предаде во нивни раце. Не остана неисполнет ниеден збор од сите добри зборови, кои Господ им ги беше рекол на домот Израилев: сѐ се исполни. Тогаш Исус го повика Рувимовото и Гадовото племе и Манасиевото полуплеме и им рече: »Вие чувте сѐ, што ви беше заповедано од Мојсеја, слугата Господов, и ги послушавте сите мои зборови во сѐ, што ви заповедав; вие не ги напуштавте браќата свои во текот на многуте денови и ги запазивте заповедите на Господа, вашиот Бог. Сега Господ, вашиот Бог, ги успокои вашите браќа, како што им беше говорел; и така, вратете се и одете во домовите ваши, во земјата на вашето наследство, што ви ја даде Мојсеј, слугата Господов, од онаа страна на Јордан; само пазете грижливо да ги исполнувате заповедите и законот, што ви го даде Мојсеј, слугата Господов: да Го сакате Господа, вашиот Бог, да одите по сите Негови патишта, да ги пазите заповедите Негови, да се приврзувате кон Него и да Му служите со сето срце ваши и со сета душа ваша.« Потоа Исус ги благослови и ги отпушти и тие се разотидоа по домовите свои. На едната половина од Манасиевото племе Мојсеј ѝ даде во Васан, а на другата половина Исус ѝ даде дел со браќата нивни во Јордан кон морето. И кога Исус ги отпушти во домовите нивни и ги благослови, со големото богатство се вратија во домовите свои, со многу многу добиток, со сребро, со злато, со бакар и со железо, и со големо множество облека; и го разделија пленот земен од непријателите со браќата свои. Тогаш синовите Рувимови и синовите Гадови и полуплемето Манасиево се вратија и тргнаа од синовите Израилеви од Силом, кој што е во Хананската земја, за да си одат во земјата Галад, во земјата на наследството свое, што го добија по заповед на Господа, дадена преку Мојсеја. Кога дојдоа во околината на Јордан, во Хананската земја, синовите Рувимови и синовите Гадови, и полуплемето Манасиево изградија таму, крај Јордан, еден жртвеник, жртвеник голем на изглед. И слушнаа Израилевите синови дека се зборува: »Ете, синовите Рувимови и синовите Гадови и полуплемето Манасиево изградиле жртвеник во Хананската земја, во Галилот крај Јордан, наспроти Израилевите синови.« Штом го чуја тоа Израилевите синови, со собра целото општество на синовите Израилеви во Силом за да одат во војна против нив. Најнапред синовите Израилеви го испратија кај синовите Рувимови и кај синовите Гадови и кај полуплемето Манасиево во Галадската земја Финес, синот на свештеникот Елеазар, и со него десет кнезови, по еден кнез од домовите на татковците од сите Израилеви племиња; секој од нив беше војвода во илјадниците Израилеви. И тие дојдоа кај синовите Рувимови и кај синовите Гадови и кај полуплемето Манасиево во земјата Галад и им рекоа, велејќи: »Еве што вели целото општество Господово: каков престап сте направиле пред Господа, Израилевиот Бог, со тоа што сте отстапиле сега од Господа, Израилевиот Бог, сте си подигнале жртвеник и отстапивте сега од Господа? Зар мал ви беше гревот Фогоров, од кого не сме се очистиле ни до ден денес и поради него дојде пораз врз општеството Господово? А вие денес отстапувате од Господа! Денес станувате против Господа, а утре Господ ќе се разгневи на целото општество Израилево. Ако, пак, земјата на вашето наследство ви е мала, поминете сите во земјата Господова, во која се наоѓа скинијата Господова, земете дел меѓу нас, но не станувајте против Господа, нити против нас станувајте, градејќи си друг жртвеник, освен жртвеникот на Господа, нашиот Бог; зар Ахан, синот Зарин, не изврши ли самиот престап, земајќи од заколнатото, а гневот падна врз целото општество Израилево? Не умре само тој поради беззаконието свое.« И одговорија на тоа синовите Рувимови и синовите Гадови и полуплемето Манасиево и им рекоа на војводите Израилеви: »Господ Бог на боговите, Господ е Бог Господ, Он знае, и Израилот нека знае! Ако отстапуваме од Господа, Господ нека не нѐ поштеди овој ден! Ако сме изградиле жртвеник, за да отстапиме од Господа, нашиот Бог, или за да принесуваме на него сепалиници или да принесуваме на него жртви за спасение, самиот Господ нека суди! Но за добро го направивме ние тоа, за да не им речат утре вашите синови на нашите синови: ‚Што имате вие со Господа, Израилевиот Бог?‘ Господ го одреди Јордан за граница меѓу нас и вас, синовите Рувимови и синовите Гадови, вие немате дел во Господа. Така синовите ваши ќе ги отуѓат нашите синови да не Му служат на Господа. Затоа рековме: да си подигнеме жртвеник не заради приноси ниту заради жртви, туку за да биде тој меѓу вас и нас, меѓу нашите родови по нас, сведок, дека ние можеме да Му служиме на Господа пред нив со наши приноси, и со наши жртви и со наши жртви за спасение и за да ни им речат утре вашите синови на нашите синови: ‚вие немате дел во Господа.‘ Па си рековме: ако така ни кажат нам и на нашите родови по нас, ние ќе им речеме: ‚Видете ја сличноста на жртвеникот Господов, што го направиле нашите татковци, на заради приноси ниту заради жртви, туку за да биде сведок меѓу вас и нас и меѓу синовите наши.‘ Далеку сме од мислата, да отстапиме од Господа, и да се одвратиме од Господа, и да ѕидаме жртвеник за приноси, жртви за грев и жртви за спасение, освен пред жртвеникот на Господа, нашиот Бог, кој е пред скинијата Негова.« Свештеникот Финес, сите кнезови на општеството и војводите на илјадниците Израилеви, што беа со нив, кога ги ислушаа зборовите, што ги рекоа Рувимовите синови, Гадовите синови и Манасиевите синови ги одобрија. И Елеазаровиот син, свештеникот Финес, им рече на синовите Рувимови, на синовите Гадови, и на полуплемето Манасиево: »Денес познавме, дека Господ е со нас, дека вие со тоа не сте извршиле пред Господ престап, но дека сте ги избавиле синовите Израилеви од раката Господова.« Тогаш Елеазаровиот син, свештеникот Финес, и кнезовите народни се вратија од синовите Рувимови и од синовите Гадови и од племето Манасиево во Хананската земја кај синовите Израилеви и им донесоа одговор. И на Израилевите синови тоа им беше угодно, па Го благословија синовите Израилеви Бога и рекоа дека нема да војуваат против нив, и да ја разорат земјата, во која живеат синовите Рувимови и синовите Гадови и полуплемето Манасиево. И Рувимовите синови и Гадовите синови и полуплемето Манасиево го нарекоа тој жртвеник Ед, зашто, рекоа тие, тој е сведок меѓу нив, дека Господ Бог е нивни Бог. По многу време, откако Господ Бог го успокои Израилот од сите околни непријатели, Исуз остаре, дојде во напредната возраст. И ги свика Исус сите синови Израилеви, старешините нивни, судиите нивни и управителите нивни, и им рече: »Јас остарев, сум во напредната возраст. Вие видовте сѐ што Господ, вашиот Бог, го направи пред лицето ваше со сите тие народи, бидејќи Господ, вашиот Бог, Самиот се бори за вас. Ете, ви ги поделив со жреб тие други народи во наследство на племињата ваши, сите народи што ги истребив од Јордан до Големото Море, на запад. Самиот Господ, вашиот Бог, ќе ги прогони од вас додека не загинат; и ќе направи против нив диви ѕверови, додека не ги истреби нив и нивните цареви од пред лицето ваше; ќе ги истреби пред вас, за да ја добиете во наследство земјата нивна, како што Господ, вашиот Бог, ви говореше. Затоа трудете се најточно да внимавате и да исполнувате сѐ што е напишано во книгата на Мојсеевиот закон, не клонејќи се од него ниту надесно, ниту налево. Не се зближувајте со народите, што останаа меѓу вас, не ги спомнувајте имињата на нивните богови, не колнете се во нив, не служете им и не се поклонувајте, но приврзете се кон Господа, вашиот Бог, како што правевте до денес. И Господ изгони од вас големи и силни народи, и никој не устои пред вас до денес; еден од вас прогонуваше илјада, бидејќи Самиот Господ, вашиот Бог, се биеше за вас, како што ви говореше. Затоа трудете се многу за да Го сакате Господа, вашиот Бог. Ако, пак, се повратите и се приклучите кон остатоците на тие народи, што останаа меѓу вас, и се сродите со нив, и одите кај нив, и тие кај вас, знајте, дека Господ, вашиот Бог, нема повеќе да ги прогонува од вас тие народи, туку ќе бидат за вас примка и мрежа, камшик за ребрата ваши и трн за вашите очи, додека не бидете истребени од таа добра земја, која Господ, вашиот Бог, ви ја даде. Еве, јас сега заминувам на пат каде што целиот свет заминува. А вие познавте со сето свое срце и со сета своја душа, дека не беше напразен ниеден збор од сите добри зборови, што ги говореше за вас Господ, вашиот Бог: сѐ се изврши на вас, ни еден збор не остана неисполнет. Но како што се изврши на вас секој добар збор, што ви го кажуваше Господ, вашиот Бог, така Господ ќе го исполни над вас секој лош збор, додека не ве истреби од оваа добра земја, што ви ја даде Господ, вашиот Бог. Ако го прекршите заветот на Господа, вашиот Бог, што Он ви го заповеда, и отидете да им служите на други богови и да им се поклонувате, тогаш гневот Господов ќе пламне врз вас, и брзо ќе исчезнете од оваа добра земја, која ви ја даде Господ.« Тогаш Исус ги собра сите племиња Израилеви во Сихем и ги свика старешините на Израилот и кнезовите негови, судиите негови и управителите негови, и тие се претставија пред Господа Бога. И му рече Исус на целиот народ: »Вака вели Господ, Бог на Израилот: ‚Вашите татковци, Тара, таткото Авраамов и таткото Нахоров, во старо време живееја од онаа страна на реката и им служеа на други богови. Но јас го зедов таткото ваш Авраама од онаа страна на реката, го водев до целата земја Хананска, му го умножив семето негово и му го дадов Исака. На Исака му ги дадов Јакова и Исава. На Исава му ја дадов во наследство гората Сир; а Јаков и синовите негови влегоа во Египет и станаа таму голем, силен и многуброен народ, и Египтјаните почнаа да ги притеснуваат. Тогаш ги испратив Мојсеја и Арона и го поразија Египет со знаци, што ги извршив, а потоа ве изведов. Ги изведов татковците ваши од Египет, и вие дојдовте кај Црвеното Море. Тогаш Египтјаните се спуштија по татковците ваши со коли и коњаници до Црвено Море; но тие повикаа кон Господа, и Он спушти облак и магла меѓу нас и Египтјаните и го наведе на нив морето, кое и ги покри. Очите ваши видоа што направи Господ во Египетската земја и вие останавте во пустињата многу денови. И ве воведе во земјата на Аморејците, кои живееја од онаа страна на Јордан; тие станаа против вас, но Господ ги предаде во рацете ваши, и вие ја добивте како наследство земјата нивна и ги истребивте од пред лицето ваше. Се крена Валак, синот Сепфоров, моавски цар, и отиде со војската против Израилот, и испрати да го повика Веоровиот син Валаам, за да ве проколне; но Господ не сакаше да го послуша Валаам, – тој ве благослови, и јас ве избавив од рацете негови. Вие го преминавте Јордан и дојдовте во Јерихон. И почнаа да војуваат против вас жителите на Јерихон: Аморејците и Ферезејците, Хананејците и Хетејците, Гергесејците, Евејците и Јевусејците, но Господ ги предаде во рацете ваши. И испрати пред вас стршели, кои ги изгонија од пред вас двајцата аморејски цареви; не со твојот меч и не со твојот лак се направи тоа. И ви даде земја, за која вие не сте се труделе, и градови што не сте ги граделе, и вие живеете во нив; и лозја и маслини, кои не сте ги саделе, а јадете плодови.‘ И така, бојте се од Господа и служете Му со чистота и искреност; и отфрлете ги боговите на кои им служеа татковците ваши од онаа страна на реката и во Египет, и служете Му на Господа. Ако, пак, не ви е угодно да Му служите на Господа, одберете си сега, кому да му служите: на боговите ли, на кои им служеа татковците ваши, кога беа од онаа страна на реката, или на боговите на Аморејците, во чија земја живеете, а, пак, јас и домот мој ќе му служиме на Господа, бидејќи он е свет.« Одговори народот и рече: »Не, тоа никако, да Го оставиме Господа и да почнеме да им служиме на други богови! Зашто Господ е наш Бог; Он нѐ изведе нас и таковците наши од Египетската замја, од домот на ропството, и правеше пред очите наши чуда големи и нѐ пазеше по целиот пат, по кој одевме, и меѓу сите народи, низ кои минувавме. Господ ги изгони од кај нас сите народи и Аморејците, што живееја во оваа земја. Затоа и ние ќе Му служиме на Господа, бидејќи Он е Бог наш.« Исус му рече на народот: »Не ќе може да Му служите на Господа (Бога), зашто Он е свет Бог, Бог ревнител; Он нема да го истрпи беззаконието ваше и гревовите ваши. Ако Го оставите Бога и им служите на туѓи богови, Он ќе испрати на вас зло и ќе ве истреби, место да ви направи добро.« И народот му одговори на Исуса: »Не, ние ќе Му служиме на Господа.« Исус му рече на народот: »Сведоци ли сте вие за себе, дека Го избравте Господа – да Му служите?« Тие одговорија: »Сведоци сме.« »А сега, отфрлете ги туѓите богови, што се во вас, и свртете го срцето свои кон Господа, Бог Израилев.« Народот му рече на Исуса: »На Господа, нашиот Бог, ќе Му служиме и гласот Негов ќе го слушаме.« И тој ден случи со народот завет и му даде наредби и закони во Сихем пред скинијата на Господа, Бога Израилев. И ги запиша Исус тие зборови во книгата на законот Божји, па зеде голем камен и го постави таму под дабот, што е пред светилиштето Господово. И му кажа Исус на целиот народ: »Ете, оној камен ќе ни биде сведок, бидејќи тој ги чу сите зборови на Господа, што Он ви ги кажа денес; тој нека биде сведок против вас во подоцнежните денови, ако некогаш лажете пред Господа, Вашиот Бог.« И потоа Исус го распушти народот, секој во местото свое. И Му служеше Израилот на Господа во сите денови Исусови, и во сите денови на старешините, кои го поминаа времето со Исуса и кои ги видоа сите дела што му ги направи на Израилот. А по сето тоа умре Исус, синот Навинов, слугата Господов, на сто и десет години. И го погребаа во пределите на делот негов во Тамна Сахар, во Ефремовата гора, на север од планината Гаас. И ги ставија таму со него во гробот, во кој што го погребаа, камените ножеви, со кои Исус ги беше обрезал Израилевите синови во Галгал, кога ги изведе од Египет, како што беше заповедал Господ; и тие се таму дури до денес. И коските на Јосифа, кои Израилевите синови ги изнесоа од Египет, ги погребаа во Сихем, во оној дел на полето, што Јаков го беше купил од синовите Аморејски, кои живееја во Сихем, за сто сребреници и му ги даде како дел на Јосифа. Потоа умре и Ароновиот син, првосвештеникот Елеазар, и го погребаа во Финесовиот Гават, кој му беше даден на Ефремовата гора. Во тој ден Израилевите синови, откако го зедоа ковчегот Божји, го несеа со себеси, а Финес беше свештеник место татка си Елеазар, додека не умре и го погребаа во неговиот Гават. И синовите Израилеви отидоа секој во своето место и во својот град. И почнаа Израилевите синови да му служат на Астрата и на Астарот, богови на околните народи; и Господ ги предаде во рацете на моавскиот цар Еглон, кој владееше над нив осумнаесет години. По смртта на Исуса синовите Израилеви Го прашаа Господа, велејќи: »Кој од нас прв ќе тргне против Хананејците – да војува против нив?« Господ одговори: »Јуда ќе тргне; ете, Јас ја предавам земјата во негови раце.« Јуда, пак, му кажа на братот свој Симеона: »Влези со мене во мојот жреб, и да војуваме против Хананејците; и јас ќе влезам со тебе во твојот жреб.« И Симеон отиде со него. Тогаш Јуда тргна, и ги предаде Господ Хананејците и Ферезејците во рацете нивни, и тие убија од нив во Везек десет илјади души. Во Везек се сретнаа со Адони-Везек, се судрија со него и ги разбија Хананејците и Ферезејците. Адони-Везек избега, но тие се спуштија, тргнаа по него, го фатија и му ги исекоа палците на рацете негови и на нозете негови. Тогаш Адони-Везек рече: »Седумдесет цареви со пресечени палци на рацете и нозете собираа трошки под трпезата моја; како што правев јас, така ми воздаде Бог.« И го доведоа во Ерусалим, каде што и умре. и војуваа Јудините синови против Ерусалим, го презедоа и го поразија со меч и градот го изгореа со оган. Потоа Јудините синови отидоа да војуваат против Хананејците, кои живееја во гората и во јужната земја и во низините. И тргна Јуда против Хананејците, кои живееја во Хеврон, порано Хеврон се нарекуваше Кириат-Арба, и го поразија Сесаја, Ахимана и Талмаја. Оттука отидоа против жителите на Давир, порано Давир се викаше Киријат-Сефер. И рече Халев: »Кој ќе го порази Киријат-Сефер и го преземе, ќе му ја дадам ќерката своја Ахса за жена.« Го презеде Готониил, син Кенезов, помалиот брат Хелезов, и Халев му ја даде ќерката своја Ахса за жена. Пред да замине таа, Готоноил ја подучи да бара од татка си земја, и таа слезе од оселот. Халев ја праша: »Што бараш?« А таа му рече: »Дај ми благослов; ти ми даде сува земја, дај ми и водни извори.« И ѝ ги даде Хелев горните извори и долните извори. И синовите на Кенеецот, Мојсеевиот тест, појдоа од градот на палмите со Јудините синови во Јудината пустиња, која е на југ од Арад. И дојдоа и се населија меѓу народот. Потоа тргна Јуда со брата си Симеона и ги порази Хананејците, кои живееја во Сефат, го предадоа градот под заклетва и го нарекоа тој град Хорма. Јуда исто така ги презеде Газа со пределите нејзини, Акарон со пределите негови, и Анарод со пределите негови, зашто Господ беше со Јуда, и тој ја завладеа планината; но не можеше да ги истера жителите во долината, бидејќи тие имаа железни двоколки. А на Халев му го предадоа Хеврон, како што беше заповедал Мојсеј, и таму тој ги доби во наследство трите града на синовите Енакови и ги истера оттаму трите синови Енакови. Но Венијаминовите синови не ги истераа Јевусејците, кои живееја во Ерусалим; Јевусејците живеат со синовите на Венијамина во Ерусалим и до ден денес. И синовите Јосифови исто така тргнаа против Ветил, и Господ беше со нив. А се задржаа Јосифовите синови и го разгледаа Ветил, а порано градот се нарекуваше Луз. И стражарите видоа еден човек, кој доаѓаше од градот и му рекоа: »Покажи ни го влезот во градот, и ќе ти направиме милост.« Тој им го покажа влезот во градот, и тие го поразија градот со меч, а тој човек и сите негови роднини ги пуштија. Тој човек отиде во земјата на Хетејците и изгради таму град и го нарече со името Луз. Тоа му е името и до ден денес. И Манасија не ги истера жителите на Ветсан и потчинетите му градови, ниту жителите во Дор, ни потчинетите му градови, ни жителите на Иевлам и потчинетите му градови, жителите на Мегедон и потчинетите му градови; така останаа Хананејците да живеат во оваа земја. Кога Израилот се засили, ги направи Хананејците свои поданици, но не ги истера. И Ефрем не ги истера Хнанеците кои живееја во Газер; и Хананејците живееја меѓу нив во Газер и им плаќаа данок. И Завулон не ги истера жителите на Китрон, ниту жителите на Нахлол, и Хананејците живееја меѓу нив и им плаќаа данок. И Асир не ги истера жителите на Акхор, ниту жителите на Дор и ни жителите на Сидон и Ахлав, ни од Ахазив, Далафе, Елва, Афек ниту, пак, од Роав. Се насели Асир меѓу Хананејците, жителите на таа земја, бидејќи не ги истера. И Нефталим не ги истера жителите на Ветсамес како ни жителите на Ветанах и живееше меѓу Хананејците, жителите на таа земја; а жителите на Ветсамес и на Ветанах беа негови поданици. Аморејците ги притискаа синовите Данови во горите, бидејќи не им даваа да слезат во долината. И Аморејците останаа да живеат во гората Херес, во Ајалон и Салавин; но раката на Јосифовите синови ги присили и тие им станаа поданици. Пределите на Аморејците се протегаа од гората Акравин, од карпата сѐ угоре. Дојде Ангел Господов од Галгал во Вохим и рече: »Јас ве изведов од Египет и ве воведов во земјата, за која им се заколнав на татковците ваши; и реков: – нема да ги нарушам Мојот завет со вас засекогаш; вие, пак, не влегувајте во сојуз со жителите на оваа земја; на боговите нивни не им се клањајте, идолите нивни скршете ги, жртвениците нивни урнете ги. Но вие не го послушавте гласот Мој. Зошто постапивте така? Затоа велам: нема повеќе да ги преселувам тие луѓе, што сакав да ги истерам, нема да ги истерам од вас, и тие ќе бидат трње за вас, а боговите нивни ќе ви бидат соблазна.« Кога Ангелот Господов ги кажа тие зборови пред сите синови Израилеви, народот крена голем пискот и заплака. Поради тоа и го нарекуваат тоа место Вохим. Таму тие принесоа жртва на Господа. Откако Исус го распушти народот, и синовите Израилеви заминаа, секој во домот свој и секој во својот дел, за да добие во наследство земја. Народот Му служеше на Господа преку сите денови на Исуса и преку сите денови на старешините, чиј живот продолжи по Исуса, и кога ги беа виделе сите големи дела на Господа, какви што Он му направи на Израилот. А кога умре Исус, синот Навинов, раб Господов, на сто и десет години, го погребаа во пределите на неговиот дел во Тамнатарес, во Ефремовата гора, на север од гората Гаас; и кога целиот тој народ се прибра кај татковците свои, и настана по нив друг род, кој не Го знаеше Господа и делата Негови, какви што му беше направил на Израилот, – тогаш Израилевите синови почнаа да прават зло пред Господа и да му служат на Ваал; го оставија Господа, Бога на татковците нивни, Кој ги беше извел од земјата Египетска, и се обрнаа кон други богови, кон боговите на тамошните околини, и почнаа да им се клањаат, и Го разгневија Господа; Го отравија Господа и почнаа да му служат на Ваал и на разни Астарти. Тогаш Господ силно се разгневи против Израилците и ги предаде во рацете на грабачи, кои ги ограбуваа; и ги предаде во рацете на околните непријатели таму, и не можеа повеќе да одолеат пред непријателите свои. Насекаде, каде и да отидеа тие, раката Господова беше против нив на зло, како што им беше говорел Господ и како што им се беше заколнал Господ. И тие беа на голема мака. Тогаш Господ им постави судии, кои ги спасуваа од рацете на оние што ги пленеа. Но тие и нив не ги слушаа, туку блудствуваа со други богови и ним им се клањаа, па Го разгневија Господа, а потоа скршнаа од патот, по кој одеа татковците нивни, покорувајќи им се на заповедите од Гопода. Тие не правеа така. Но кога Господ им поставуваше судии, Сам Господ беше со судијата и ги спасуваше од непријателите нивни преку сите дни на судијата, зашто Господ ги сожалуваше, слушајќи ги офкањата нивни од оние, што ги угнетуваа и потискаа. Но штом ќе умреше судијата, тие одново почнуваа да живеат полошо од татковците свои, одејќи по други богови, да им служат и да им се клањаат. И не отстапуваа од делата свои жестоки и од лошиот пат свој. Тогаш Господ силно се разгневи против Израилот и рече: »Поради тоа што овој народ отстапи од заветот Мој, што го поставив со татковците нивни, и не го послушаа гласот Мој, ни Јас нема повеќе да протерувам пред нив ниеден од народите, што ги остави Исус, кога умираше, – за да го испитам Израилот; ќе почнат ли да се држат до патот Господов и да одат по него, како што се држеа татковците нивни, или не?« И Господ ги остави тие народи и не ги протера веднаш и не ги предаде во рацете на Исуса. Еве ги народите, кои не знаеја за сите ханански војни, само за да знаат и да се учат на војна подоцнежните поколенија на Израилевите синови, кои порано не ја знаеја: шест филистејски војводства, сите Хананејци, Сидонци и Евејци, кои живееја во гората Вал-Ермон до Емат. Тие беа оставени, за да биде преку нив искушан Израилот, и да се дознае, дали се покоруваат на заповедите Господови, кои Он ги беше заповедал на татковците нивни преку Мојсеја. И живееја Израилевите синови меѓу Хананејците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците, Гергесејците и Јевусејците, и ги земаа ќерките нивни за жени, и им ги даваа ќерките свои на синовите нивни, и им служеа на нивните богови. Синовите Израилеви извршија зло пред очите на Господа, и Го заборавија својот Господ Бог, и им служеа на Ваал и на Дубрави. Тогаш Господ се разгневи силно против Израилот, и ги предаде во рацете ѝ Хусарсатем, царот на Сириска Месопотамија, и синовите Израилеви му робуваа на Хусарсатем осум години. Потоа синовите Израилеви повикаа кон Господа, и издигнаа за синовите Израилеви спасител, кој ги избави, – Кенезовиот син Готониил, помалиот брат на Халев. Врз него беше Духот Господов, и тој беше судија на Израилот. Тој објави војна против Хусарсатем, и Господ го предаде во рацете негови сирискиот цар Хусарсатем и раката негов се зацврсти над Хусарсатема. И земјата беше спокојна четириесет години, Потоа умре Готониил, Кенезовиот син. Синовите Израилеви почнаа пак да вршат зло пред Господа, и Господ му даде сила на моавскиот цар Еглон против Израилот, поради тоа што тие правеа зло пред Господа. Тој ги собра при себеси синовите Амонитски и Амаликови, па тргна и го порази Израилот, и го завладеја градот на палмите. И синовите Израилеви му робуваа на моавскиот цар Еглон осумнаесет години. Тогаш синовите Израилеви пак повикаа кон Господа, и Господ им го избра за спасител Аода, синот на Гира, Еминиев син, кој беше левак. И синовите Израилеви му испратија по него дарови на моавскиот цар Еглон. Аод си направи меч со две сечила, долг еден лакот, и го препаша под облеката своја на десното бедро, и однесе дарови на моавскиот цар Еглон, а Еглон беше човек многу дебел. Кога Аод ги поднесе сите дарови и ги испрати луѓето, што ги донесоа даровите, сам се врати од идолите, што се во Галгал, и рече: »Царе, имам тајна за теба.« Тој рече: »Потивко!« И излегоа сите, што стоеја при него. Аод влезе при него: тој седеше во летната горна соба, што ја имаше одделено. И рече Аод: »Имам Божја порака за тебе.« Еглон стана од престолот. Кога тој стана, Аод ја подаде својата лева рака, и го зеде мечот од десното бедро и го заби во стомахот негов, така што по сечилото влезе и дршката, и дебелината го покри сечилото; бидејќи Аод не го извади мечот од трбухот негов и излезе нечистотија. Аод потоа излезе од собата, ја затвори вратата и ја заклучи. Откако излезе, слугите на Еглон дојдоа и гледаа, ете, вратата на собата е заклучена, и си рекоа: – сигурно тој е надвор по потреба до летната соба Чекаа доста долго, но откако видоа дека никој не ја отвора вратата од собата, зедоа клуч и отклучија, а таму господарот нивни лежи на земјата мртов. Додека се чудеа, Аод избега, и никој на него не мислеше, мина покрај идолите и се спаси во Сетирот. А штом пристигна во земјата Израилева, Аод затруби со труба во Ефремовата гора, и слегоа со него синовите Израилеви од гората, и тој тргна пред нив. И им рече: »Одете по мене, зашто Господ Бог ги предаде непријателите ваши, Моавците, во ваши раце.« И тргнаа по него, презедоа моавски бродови на Јордан, и не пуштија никој да премине. Тогаш убија околу десет илјади Моавци, сѐ здрави и силни, и никој не избега. Така се смирија во оној ден Моавците пред Израилот, и земјата беше спокојна осумдесет години. И Аод беше нивни судија до својата смрт. По него дојде Семегар, син Анатов, кој уби шестотини души Филистејци со воловски остен; и тој исто така го избави Израилот. Кога умре Аод, Израилевите синови пак почнаа да прават зло пред Господа. И Господ ги предаде во рацете на хананскиот цар Јавин, кој царуваше во Асор, и на неговиот војвода Сисар, кој живееше во Арисот. И повикаа Израилевите синови кон Господа; зашто Јавин имаше деветстотини железни коли и ги притискаше Израилевите синови дваесет години. Во тоа време судија на Израилот беше пророчицата Девора, жената Лафидотова; таа живееше под палма, меѓу Рама и Ветил, во Ефремовата гора и одеа кај неа Израилевите синови на суд. Девора испрати по Варака, синот на Авинеема од Кедес Нефталимов, и му рече: »Зар не ти заповеда Господ, Бог Ираилев: – иди, собери народ на гората Тавор и земи со себеси десет илјади души од Нефталимовите синови и од Завулоновите синови; Јас пак, ќе го доведам при тебе, кај потокот Кисон, Јавиновиот војвода Сисар, и колите негови и многуилјадната војска негова, и ќе ти го предадам во твои раце.« Варак ѝ одговори: »Ако дојдеш со мене, ќе отидам; ако не дојдеш со мене, нема да отидам, зашто не го знам денот, во кој Господ ќе го испрати Ангелот со мене.« Таа му рече: »Добро, ќе дојдам со тебе; само знај, дека нема да биде славата твоја по патот, по кој ќе одиш; зашто во женска рака ќе го предаде Господ Сисара.« И Девора стана и тргна со Варака за Кедес. И Варак ги повика Завулоновците и Нефталимовците во Кедес, и по него тргнаа десет илјади души, и Девора појде со него. Тогаш Кенеецот Хавер се оддели од Кенејците, синови на Овав, Мојсеев роднина, и го постави шаторот свој кај дабот, блузу до Кедес. И му јавија на Сисара дека Авинеемовиот син Варак излегол на гората Тавор. Сисар ги собра сите коли, деветстотини железни коли, и сиот народ, што беше со него, од Арисот незнабожечки кај потокот Кисон. И Девора му рече на Варака: »Стани, бидејќи денес е денот, во кој Господ ќе го предаде Сисара во рацете твои; Сам Господ ќе тргне пред тебе.« И Варак слезе од гората Тавор, и по него – десет илјади души. Тогаш Господ го доведе во забуна Сисара и сите негови коли и целиот народ негов пред Вараковиот меч, и Сисар слезе од колата своја и избега пеш. Варак ги подгони колите негови и народот до дубравата незнабожечка и целиот народ Сисаров падна од остар меч, та не остана ниеден. А Сисар побегна пеш до шаторот на Јаил, жената на Кенеецот Хавер, зашто меѓу асорскиот цар Јавин и домот на Кенеецот Хавер имаше мир. Тогаш излезе Јаил и му рече на Сисара: »Влези господару мој, влези при мене, не плаши се!« Тој влезе при неа во шаторот, и таа го покри со наметката своја. Сисар ѝ рече: »Дај ми малку вода да пијам, жеден сум.« Таа одврза мев со млеко, му даде да пие и пак го покри. Сисар повторно ѝ рече: »Стој при влезот на шаторот и, ако некој додје и те праша: ‚нема ли некој тука?‘ а ти одговори – ‚нема‘«. Јаил, Хаверовата жена, зеде еден колец од шаторот, зеде и чекан во раката своја, и отиде тивко при него, та му го заби колецот во слепоочниците негови, така што тој допре до земјата; а тој уморен спиеше, – и издивна. И ете, Варак, трчаше по Сисара. Јаил го пречека и му рече: »Влези, јас ќе ти го покажам човекот, што го бараш.« Тој влезе при неа, и ете, Сисар лежи мртов, и колецот во слепоочниците негови. Така го покори Господ Бог во тој ден хананскиот цар Јавин пред синовите Израилеви. Раката на синовите Израилеви се засилуваше сѐ повеќе и повеќе над хананскиот цар Јавин, додека тие најпосле не го истребија. Во тој ден запеаја Девора и Варак, синот Авинеемов со овие зборови: »Благословувајте Го Господа зашто се одмазди за Израилот, народот покажа сесрдност. Слушајте, цареви, внимавајте, кнезови; јас ќе Му пеам и ќе Му свирам на Господа, на Господа, Бога Израилев! Кога излегуваше Ти, Господи, од Сир, кога доаѓаше од селото Едомово, земјата се тресеше, небото капеше и облаците вода пролеваа; горите се топеа од лицето на Господа, дури и Синај затрепери пред Господа, Бога Израилев. Во дните на Самегара, синот Анатов, во дните на Јаил, патиштата опустеа и кои порано одеа по правите патишта, тогаш одеа по околните патеки. Во Израилот немаше жител во селата, немаше, додека јас, Девора, не станав, дедека не востанав јас, мајката Израилева. Избраа нови богови, затоа војната беше пред вратата. Се виде ли штит и копје од четириесет илјади од Израилот? Срцето ми е кон вас, началници Израилеви, кон ревнителите во народот; прославувајте Го Господа! Вие, кои јавате на бели ослици, што седите во судовите и одите по патот, проповедајте! Среде гласовите на оние што плескаат, таму нека покажат правда, Господи, зацврсти ја правдата во Израилот! Тогаш народот Господв се разотиде по своите градови. Стани, стани! Деворо! Стани, стани, па запеј песна! Стани, Варак и води ги своите платеници, сине Авинеемов! Тогаш се возвеличи силата негова; Господ мене ми ги потчини храбрите. Од Ефрема дојдоа оние, кои беа фатиле корен во долините; по тебе е братот твој Венијамин, според народот твој; од Махир доаѓаа началници, а од Завулона оние што се занимаваат со пишување. И кнезовите Исахарови со Девора, и Исахар исто така како Варак, се спуштија пеш во долината. Во Рувимовите племиња – големо разногласие. Зошто си ми седнал меѓу кошарите и го слушаш блеењето на стадата? Во Рувимовите племиња – големо несогласие. Галад си живее спокојно од онаа страна на Јордан, и зошто Дан да се занимава со корабите, а Асир да седи на морскиот брег и се весели при своите пристаништа. Завулон е народ, кој ја даде душата своја на смртта, и Нефталим – на полските височини. Дојдоа цареви, тогаш се судрија царевите ханански во Тахан, при водите Мегидонски, но ни парче сребро не добија. Од небото се војуваше, се биеја ѕвездите од своите патишта против Сисара. Потокот Кисон ги одвлече, потокот Кадимин, потокот Кисон. Гази ги, душо моја, силните! Тогаш отпаѓаа копита на коњите од топотење, од терањето на јавачите нивни. Проколнете го Мазор, рече Ангелот Господов, проколнете ги жителите негови, затоа што не дојдоа на помош на Господа со храбрите. Нека е благословена меѓу жените Јаил, жената на Кенеецот Хевер, меѓу жените во шаторите нека е благословена! Тој побара вода: таа млеко му даде, во војводска чаша му донесе кравја павлака. Левата рака своја таа ја протегна кон колецот, а десната – кон чеканот ковачки; го удри Сисара, му ја смрска главата, го прободе и му ги проби слепоочниците негови. Меѓу нозете нејзини падна, истоштен се испружи и умре, меѓу нозете незини падна веднаш. Погледна низ прозорецот Сисаровата мајка, низ решетката и си помисли: зошто не доаѓа уште колата негова, зошто се забавуваат тркалата на колите негови? Мудрите нејзини дворјани ѝ одговараат, а и самата таа си одговара на зборовите свои: можеби нашле плен, па го делат: кому по една мома, кому по две на војник. Плен шарен за Сисара, плен шарен, везен; шарен и везен од обете страни, симнат од рамениците на пленикот. Така да загинат сите Твои непријатели, Господи! А оние, кои Го сакаат, да бидат како сонце кога изгрева во сета своја сила!« – И мирна беше земјата четириесет години. А синовите Израилев пок почнаа да прват зло пред Господа, и Господ ги предаде во рацете на Мадијамците за седум години. Тешка беше раката Мадијамска, над Израилот, и Израилевите синови поради Мадијамците си правеа прибежишта во пештери и тврдини по горите. И кога ќе посееше нешто Израилот, ќе дојдеше Мадијамец или Амаликиец или жител од исток, ќе нападнеше на него; и стоеше кај нив во шаторите, и ги уништуваше земните плодови дури до Газа, и не му оставаше за исхрана на Израилот ни овца, ни вол, ни осел. Зашто тие доаѓаа со добитокот свој и со шаторите свои, доаѓаа во големо множество – како скакулци; тие и камилите нивни број немаа, и одеа по земјата Израилева за да ја опустошуваат. Многу осиромаше тогаш Израилот од Мадијамците, и повикаа синовите Израилиеви кон Господа. А кога синовите Израилеви повикаа кон Господа против Мадијамците, Господ испрати пророк при Израилевите синови и Он им рече: »Вака вели Господ, Бог Израилев – Јас ви изведов од Египет, ве изведов од домот на ропството; ве избавив од раката на Египтјаните и од раката на сите ваши угнетувачи, ги истерав од пред вас, и ви ја дадов земјата нивна, и ви реков: ‚Јас сум Господ, Бог ваш; не ги почитувајте боговите на Аморејците, во чија земја живеете.‘« Тогаш дојде Ангелот Господов и седна во Ефрат под дабот, кој беше Јоасов, таткото на Авиезер; а синот негов Гедеон млатеше на гумното, за да се сокрие од Мадијамците. И му се јави Ангелот Господов и му рече: »Со тебе е Господ, мажу силен!« Гедеон му одговори: »Господару мој, ако е Господ со нас, зошто нѐ снајде сета оваа мака? И каде се сите Негови чудеса, за кои ни раскажуваа нашите татковци, велејќи: ‚Господ нѐ изведе од Египет?‘ Сега Господ нѐ остави и нѐ предаде во рацете на Мадијамците.« Господ го погледна и рече: »Оди со таа своја сила и спаси го Израилот од раката на Мадијамците. Јас те испраќам.« Гедеон Му одговори: »Господи, како ќе го спасам Израилот: ете, и племето ми е најбедно во коленото Манасиево и јас сум најмал во домот на мојот татко?« Господ му рече: »Јас ќе бидам со тебе, и ти ќе ги поразиш Мадијамците како еден човек.« Гедеон Му рече: »Ако сум се здобил со милот пред Тебе, дај ми доказ дека Ти говориш со мене. Не оди си оттука, додека не дојдам кај Тебе, да ти донесам дар свој и да Ти го предадам«. Он рече: »Јас ќе останам, додека се вратиш.« Гедеон отиде и приготви козле и лебови пресни од една ефа брашно; месото го стави во кошница, чорбата ја налеа во грне, ги донесе при Него под дабот и Му ги поднесе. И Ангелот Божји му рече: »Земи го месото и погачата, и стави ги на оној камен, а чорбата истури ја.« Тој така и направи. Ангелот Господов го протегна крајот на жезалот, што беше во раката негова, и го допре месото и лебовите; и вивна оган од каменот и изгореа месото и лебовите. А Ангелот Господов се сокри од очите негови. И виде Гедеон дека тоа беше Ангел Господов и рече Гедеон: »Тешко ми е, Владико Господи, зашто видов лице на Ангел Господов.« Господ му рече: »Мир на тебе, не плаши се, нема да умреш!« И Гедеон Му изгради таму жртвеник на Господа и го нарече: Јехова Шалом. Тој стои и до денес во Ефрат Авиезеров. Во таа ноќ Господ му рече: »Земи едно теле од стадото на татка ти и едно јуне седумгодишно и разруши го жртвеникот Ваалов, кој што е кај татка ти, и исечи ги дрвцата, што се кај него, и изгради Му како што треба жртвеник на твојот Господ Бог, Кој ти се јави на врвот од карпата, па земи го второто теле и принеси го како жртва сепаленица врз дрвцата, што ќе ги исечеш.« Гедеон зеде десет души слуги свои и направи како што му рече Господ; но бидејќи се плашеше од домашните на таткото свој и од жителите градски да го направи тоа дење, го направи ноќе. Кога утредента градските жители станаа, ете, жртвеникот Ваалов беше разрушен, дрвцата близу него исечени и второто теле принесено како жртва врз новоизградениот жртвеник. И си говореа еден на друг: »Кој го направи тоа?« Бараа, распрашуваа и рекоа: »Јоасовиот син Гедеон го направи тоа.« И градските жители му рекоа на Јоаса: »Изведи го синот свој; тој треба да умре, зашто го разруши Вааловиот жртвеник и ги исече дрвцата, што беа до него.« Јоас им кажа на сите што дојдоа при него: »Вие ли ќе се застапувате за Ваал, вие ли ќе го заштитувате? Кој ќе се застапи за него, ќе биде предаден на смрт уште ова утро; ако е тој бог, сам нека се одмазди за тоа што му го срушил жртвеникот негов.« И почнаа да го нерекуваа од тој ден Јероваал, бидејќи Јоас беше рекол: сам нека се одмазди Ваал со него, поради тоа што му го срушил жртвеникот негов. И сите Мадијамци и Амаликовците и жителите од исток се собраа заедно, ја преминаа реката и се сместија во долината Израилска. И Духот Господов го поткрепи Гедеона; тој затруби со труба, и племето Авиезерово се собра да оди по него. И испрати пратеници по сето племе Манасиево, и тоа се одзва да оди по него; тој исто така испрати пратеници до Асира, Завулона и Нефталима, и тие дојдоа таму да се сретнат. А Гедеон Му рече на Бога: »Ако го спасиш Израил преку мојата рака, како што говореше Ти, тогаш еве, ќе положам овде на гумното едно руно – ако има роса само на руното, а по целата земја биде суво, ќе знам дека Ти преку мојата рака ќе го спасиш Израилот, како што ми рече.« Така и стана: утредента, откако стана рано, фати да го цеди руното и исцеди роса од руното цела чаша вода. И Гедеон Му рече на Бога: »Не ми се гневи, ако пак кажам и ако само уште еднаш се обидам со руното – нека биде суво само на руното, а по целата земја да има роса.« Така и направи Бог во таа ноќ: само на руното беше суво, а по целата земја имаше роса. И порани Јеровоам, односно Гедеон, утрината и сиот народ, што беше со него, и се сместија при изворот Арад; мадијамскиот, пак, логор беше на север од него, кај ридот Море, во долината. И Господ му рече на Гедеона: »Со тебе има многу народ, не можам да ги предадам Мадијамците во негови раце, за да не се возгордее Израилот пред Мене и да каже: ‚мојата рака ме спаси‘. Затоа разгласи да чуе народот, и кажи: ‚Кој се бои и е плашлив, нека се врати и веднаш нека оди на гората Галад‘«. И се вратија од народот дваесет и две илјади души, а десет илјади останаа. И му рече Господ на Гедеона: »Народ сѐ уште има многу; одведи ги кај водата, таму ќе ти ги одберам; за кого ќе речам: ‚да оди со тебе‘, нека оди со тебе; а за кого ќе ти кажам: ‚не треба да оди со тебе‘, нека не оди.« Тој го одведе народот кај водата. И му рече Господ на Гедеона: »Кој лока вода со јазикот свој, како што лока куче, него стави го настрана, исто така и сите оние, што клекнуваат за да пијат вода.« И бројот на оние, што локаа со уста од рака, беше триста души; а сиот друг народ коленичеше, за да пие вода. И му рече Господ на Гедеона: »Со тие триста, што локаа, ќе ве спасам и ќе ви ги предадам Мадијамците во рацете ваши, а сите други нека си одат секој во своето место«. И тие ја зедоа храната од народот за себе и трубите нивни, и Гедеон ги распушти сите Израилци по шаторите, а задржа кај себе триста души. Мадијамскиот логор, пак, беше подолу од него – во долината. Во онаа ноќ Господ му рече: »Стани, слези во логорот, зашто ти го предадов во твои раце. Ако, пак, се плашиш да слезеш сам, оди во логорот со Фара, слугата свој; и ќе чуеш што зборуваат, и тогаш ќе се зацврстат рацете твои, и ќе слезеш во логорот«. И слезе тој и Фара, слугата негов, до војниците, што беа во логорот. А Мадијамците и Амаликовците и сите жители од исток се беа сместиле по долината во големо множество, како скакулци; камилите нивни беа безброј, беа многу – како песокот на морскиот брег. Гедеон дојде. И ете, еден му го раскажува сонот на друг и вели: »Сонив дека еден тркалезен јачменов леб се тркала по мадијамскиот логор и откако се отркала до шаторот, удри во него така, што тој падна, го собори, и шаторот се растури.« Другиот му одговори: »Тоа не е ништо друго, туку мечот на Гедеона, Јоасовиот син, Израилецот; Бог ги предал во рацете негови Мадијамците и целиот логор.« Откако го чу прикажувањето за сонот и толкувањето негово, Гедеон Му се поклони на Господа, се врати во Израилскиот логор и рече: »Станувајте! Господ го предаде во рацете ваши мадијамскиот логор.« И ги распореди тристоте души на три чети и на сите им даде по една труба и празни стомни и во стомните свеќи. И им рече: »Гледајте ме мене и правете го истото; ете, ќе се доближам до логорот, и што ќе правам јас, тоа правете го и вие. Кога јас и тие, што се со мене ќе затрубиме со труба, трубете и вие со вашите труби околу целиот логор и викајте: ‚Меч Господов и Гедеонов!‘« И дојде Гедеон и сто души со него до крајот на логорот, во почетокот на средната стража, ги разбудија стражарите, затрубија со трубите и ги скршија стомните, што беа во рацете нивни. И затрубија сите три чети со труби, и ги скршија стомните, и ги држеа во левата рака свеќите, а во десната рака трубите, трубеа и викаа: »Меч Господов и Гедеонов!« И секој стоеше на местото свое околу логорот; тогаш во целиот логор се растрчаа, развикаа и почнаа да бегаат. Дедека тие триста души трубеа со труби, Господ го сврте мечот на секого притив другарот негов по целиот стан, и војската бегаше до Бетшита кај Царер, до пределите на Авелмехол, близу до Табата. Тогаш Израилците од племето Нефталимово, Асирово и од целото племе Манасиево беа повикани и се впуштија по Мадијамците. А Гедеон испрати пратеници по целата гора Ефремова да кажат: »Излезете им во пресрет на Мадијамците и заземете им ги бродовите во водите на Ветир и Јордан.« И беа повикани сите Ефремовци, и ги зазедоа бродовите во водите на Ветир и Јордан; И ги фатија двајцата мадијамски кнезови: Орива и Зива; Орива го убија во Сур, а Зива – во Јакевзив, и ги гонеа Мадијамците; главите, пак, на Орива и Зива му ги однесоа на Гедеон од онаа страна на Јордан. И му рекоа Ефремовците: »Зошто направи така, та нѐ повика, кога замина да војуваш против Мадијамците?« И многу се караа со него. Гедеон им одговори: »Па што направив така, како вие сега? Нели се пабирките на Ефрема подобри од гроздоберот на Авиезер? Во ваши раце Бог ги предаде мадијамските кнезови Орива и Зива, и како можев јас да сторам такво нешто, како вие?« Тогаш духот нивни спрема него се смири штом тој им ги кажа тие зборови. А кога дојде Гедеон кај Јордан, го премина тој и тристоте души, што беа со него. Тие беа уморни поради гонењето на непријателот. И им рече тој на жителите на Сокхот: »Дајте им леб на овие мажи што се со мене, зашто се гладни; јас ги гонам мадијамските цареви Зевеја и Салмана.« Сокхотските началници рекоа: »Зар раката на Зевеја и Салмана е веќе во твои раце, та да ѝ даваме леб на војската твоја?« Гедеон одговори: »Не така, туку кога Господ ќе ги предаде Зевеја и Салмана во рацете мои, јас ќе ги уништам телата ваши со трње од пустињата и со боцки.« Оттука отиде во Фануил и им го рече истото на неговите жители, и фануилските жители му одговорија, како што одговорија жителите на Сокхот. Тој им кажа и на фануилските жители: »Кога ќе се вратам во мир, ќе ја растурам таа кула.« А Зевеј и Салман беа во Каркара и војските нивни со нив до петнаесет илјади, сѐ што беше останало од сета војска на жителите од исток; а паднаа сто и дваесет илјади души мечоносци. И отиде Гедеон при оние што живееја во шатори на исток од Нов и Јегевал и го разби логорот, кога логорот стоеше безгрижно. Зевеј и Салман избегаа; тој се спушти по нив и ги фати двајцата цареви – Зевеја и Салмана, и го доведе во збрка целиот логор. Тогаш Гедеон, синот на Јоаса, се врати од војната пред изгревот на сонцето. И фати едно момче од жителите сокхотски и го распраша; и тој му ги напиша имињата на началниците и старешните сокхотски – седумдесет и седум души. Потоа дојде кај жителите сокхотски и рече: »Ете, Зевеј и Салман, за кои ми се потсмевавте, велејќи: ‚Зар раката на Зевеја и Салмана е веќе во твои раце, та да им даваме леб на твоите изморени дуѓе?‘« И зеде трње од пустињата и боцки, па ги казни со нив градските старешини, жители на Сокхот. и ја сруши фануилската кула и ги уби градските жители. И му рече на Зевеја и Салмана: »Какви беа оние, што ги убивте на Тавор?« Тие одговорија: »Беа како тебе – секој прилегаше на царски син.« Гедеон рече: »Тие беа мои браќа, синови на мајка ми! Господ нека ми е сведок: да бевте ги оставиле живи, не би ве убил ни јас.« И му рече на Јетера, својот првороден син: »Стани, убиј ги!« Но момчето не го извади мечот свој; се плашеше, бидејќи беше уште млад. Тогаш Зевеј и Салман рекоа: »Стани сам и порази нѐ, зашто според човекот е и силата негова.« И стана Гедеон, и ги уби Зевеја и Салмана, и ги зеде веришките, што беа околу вратовите на камилите нивни. И му рекоа Израилците на Гедеона: »Владеј со нас ти и син ти и внук ти, бидејќи ти нѐ спаси од рацете на Мадијамците.« Гедеон им одговори: »Ниту јас ќе владеам со вас, ниту мојот син ќе владее со вас; Господ нека владее со вас.« И им рече уште Гедеон: »Ве молам за едно, дајте ми секој по еден накит од пленот свој. Зашто непријателите, бидејќи беа Исмаилци, имаа многу златен накит.« Тие одговорија: »Ќе дадеме.« И послаа една облека и фрлаше таму секој по еден накит од пленот свој. Златните накити, што тој ги измоли, тежеа илјада и седумстотини сикли, освен веришките, копчињата и пурпурните одежди, што ги носеа мадијамските цареви, и освен златните веришки што беа на вратовите од камилите нивни. Од тоа Гедеон направи Ефод и го стави во својот град, во Ефрат; и почнаа сите Израилци блудно да одат таму, по ефодот, кој беше замка за Гедеона и целиот дом негов. Така се смирија Мадијамците пред синовите Израилеви и повеќе не кренаа глава, и земјата беше спокојна четириесет години во деновите на Гедеона. И отиде Јероваал, Јоасовиот син, и живееше во својот дом. Гедеон имаше седумдесет сина, произлезени од бедрата негови, бидејќи имаше многу жени. А и наложницата, која живееше во Сихем, му роди син, и нему му даде име Авимелех. И умре Гедеон, синот Јоасов, во длабока старост, и беше погребан во гробот на таткото свој, Јоас, во Ефрат Авиезеров. Откако умре Гедеон, Израилевите синови пак почнаа да одат блудно по Вааловци и го поставуја за свој бог Ваалверита. Израилевите синови не се сетија на Господа, својот Бог, Кој ги беше спасувал од рацете на сите околни непријатели, и кон домот на Јероваала, односно на Гедеона, не покажаа благодарност за сите добрини што му ги направи Тој на Израилот. Авимелех, Јеровааловиот син, отиде во Сихем кај вујковците свои, и им рече ним и на целото племе од мајчиното потекло: »Кажете им на сите сихемски жители: што е подобро за вас, да владеат со вас сите седумдесет синови Јероваалови или да владее со вас еден? И спомнете си дека јас сум ваша коска и ваше тело.« Вујковците им ги кажаа на жителите сихемски сите тие зборови за него; и срцето на тие жители се склони кон Авимелеха, бидејќи си говореа: »Тој е наш брат«. И му дадоа седумдесет сикли сребро од домот на Ваалверит, за кои Авимелех најде безделници и скитници, кои тргнаа по него. И дојде во домот на таткото свој во Ефрат и ги уби браќата свои, седумдесетте Јероваалови синови, врз еден камен. Остана само Јотам, најмалиот Јероваалов син, зашто се беше сокрил. Тогаш се собраа сите сихемски жители и целиот дом на Маалов, и отидоа, па го поставија Авимелеха за цар кај дабот, близу до Сихем. Откако му раскажаа за тоа на Јотама, тој отиде и застана на врвот од гората Гаризим и, откако го крена гласот свој, па викна и им рече: »Чујте ме, жители Сихемски, и Бог ќе ве чуе! Едно време тргнале дрвјата да побараат цар и ѝ рекле на маслинката: ‚Стани ни цар!‘ Маслинката им рекла: ‚Зар да ја оставам маснотијата своја, со која се послужува Бог и луѓето, па да тргнам да скитам по дрвјата?‘ Тогаш дрвјата ѝ рекле на смоквата: ‚Дојди ти, да ни станеш цар!‘ Смоквата им одговорила: ‚Зар да си ја оставам сладоста своја и убавиот плод и да тргнам да скитам по дрвјата?‘ ѝ кажале дрвјата на лозата: ‚Дојди ти, да ни станеш цар!‘ Лозата им рекла: ‚Зар да го оставам сокот свој, што ги весели Бога и луѓето, и да тргнам да скитам по дрвјата?‘ Најпосле сите дрвја му рекле на трнот: ‚Дојди ти, да ни станеш цар!‘ Трнот им рекол на дрвјата: ‚Ако, навистина, ме поставите за цар над себеси, тогаш дојдете да си починете под сенката моја; ако не, ќе излезе оган од трнот и ќе ги изгори кедрите ливански.‘ И, ете, гледате, по вистина и по правда ли постапиле кога го поставиле за цар Авимелеха? И добро ли постапиле со Јероваала и домот негов, и според неговите добрини ли направиле така? За вас сите војуваше татко ми, не го жалеше ни животот свој и ве спаси од рацете на Мадијамците; а вие сега се кревате против домот на мојот татко и ги убивате седумдесетте синови на татко ми врз еден камен и го поставивте за цар над жителите сихемски Авимелеха, синот на робинката негова, зашто е ваш брат. Ако денес сте постапиле според вистината и според правдата со Јероваала и со домот негов, тогаш одете и радувајте се на Авимелеха, и тој да се радува на вас; ако, пак, не – нека излезе оган од Авимелеха и нека ги изгори жителите сихемски и целиот дом Маалов, и нека излезе оган од жителите сихемски и од домот Маалов и да го изгори Авимелеха!« И избега Јотам, избега и отиде во Веер, и живееше таму скришно од братот свој Авимелеха. Авимелех, пак, царуваше над Израилот три години. И испрати Бог луш дух меѓу Авимелеха и жителите на Сихем, и почнаа жителите сихемски да не му се покоруваат на Авимелеха. За да се одмазди за седумдесетте синови Јероваалови, и крвта нивна да им се сврти против братот нивни Авимелеха, кој ги уби, и против жителите сихемски, кои ја поддржаа раката негова, за да го убие братот свој, жителите сихемски поставија по горските врвови против него заседи, кои го ограбуваа секого, што минуваше покрај нив по патот. За тоа му беше јавено на Авимелеха. Во Сихем простигна и Гал, Еведовиот син, со браќата свои, и одеа во Сихем, и жителите сихемски се потпраа врз него. И излегоа во полето, и го береа грозјето свое, го газеа и се веселеа, па отидоа во домот на својот бог, јадеа и пиеја, и го проколнуваа Авимелеха. А Гал, Еведовиот син, рече: »Кој е Авимелех и што е Сихем, та да му служиме? Не е ли тој Јероваалов син, и не е ли Зевул неговиот главен слуга? Подобро служете им на потомците од Емора, татко Сихемов, а нему зошто да му служиме? Ако некој ми го дадеше тој народ во рацете мои, јас ќе го изгонев Авимелеха.« И му беше речено на Авимелеха: »Зголеми ја војската своја и излегувај.« Зевул, управителот на градот, ги чу зборовите на Гал, Еведовиот син, и силно се разгневи. Тој испрати тајно пратеници кај Авимелеха да му кажат: »Ете, Гал, Еведовиот син, и браќата негови дојдоа во Сихем, и го бунтуваат градот против тебе; затоа стани ноќеска, ти и народот, што се наоѓа со тебе, и постави заседа во полето; а изутрина, по изгревање на сонцето, стани и пристапи кон градот; и кога тој и народот, кој е со него, ќе излезат спроти тебе, тогаш прави го со нив она, што раката твоја може.« И Авимелех стана ноќта, и сиот народ, што се наоѓаше се него, и поставија во заседа кај Сихем четири дружини. Утредента Гал, Еведовиот син, излезе и застана кај градските порти; а излезе и Авимелех и народот, што беше со него, од заседата. Гал, откако го виде народот му рече на Зевула: »Еве, народот слегува од врвот на гората.« Зевул му одговори: »Сенките од дрвјата ти се причинуваат луѓе.« Гал пак проговори и рече: »Ене, народот се спушта од височините, и една дружина доаѓа откај патот на дубравата Меоним.« И му рече Зевул: »Каде ти е устата, која велеше: ‚кој е Авимелех, та да му служиме?‘ Ова е оној народ, што ти го презираше; излегувај сега и бори се со него.« И тргна Гал пред жителите сихемски и се судри со Авимелеха. Но Авимелех се спушти по него, и тој избега од него; а паднаа многу убиени до самите градски порти. И Авимелех остана во Арум, а Зевул го истера Гала и браќата негови, за да не живее во Сихем. На другиот ден народот излезе во полето, и му јавија за тоа на Авимелеха. Тој го зеде народот свој и го раздели на три дружини и ги постави во заседа по полето. И, откако виде, дека народот излезе од градот, се крена против нив и ги уби. Додека Авимелех и дружините, што беа со него, пристапија и застанаа кај градските порти, другите две дружини ги нападнаа сите, што беа во полето, и ги испотепаа. И Авимелех водеше борба со градот, целиот тој ден, го презеде градот, го порази народот, што беше во него, го разруши градот и го посипа со сол. Откако го слушнаа тоа сите, што беа кај кулата Сихемска, влегоа во куќата на богот Валверит. Му јавија на Авимелеха дека таму се собрале сите, што беа во кулата Сихемска. Тогаш Авимелех отиде на гората Салмон, тој и сиот народ, кој беше со него, и зеде Авимелех секира со себеси, отсече гранка од дрвјата, ја стави на рамото свое и му рече на народот, што беше со него: »Вие видовте што направив; поскоро направете го и вие она што го направив и јас.« И секој од сиот народ пресече гранка, па тргнаа по Авимелеха, ги натрупаа гранките околу кулата и запалија оган со нив, и изгинаа сите, што беа во кулата Сихемска, околу илјада души мажи и жени. Потоа Авимелех отиде во Тевес и го опседна и го презеде. Среде градот имаше јака кула; таму избегаа сите мажи и жени и сите градски жители, се затворија и се качија на покривот од кулата. Авимелех дојде до кулата, удри на неа и се приближи до вратата од кулата, за да ја изгори со оган. Тогаш една жена фрли парче од воденичен камен врз главата на Авимелеха и му го скрши черепот. Авимелех веднаш го повика слугата, оруженосецот свој, и му рече: извади го мечот свој и убиј ме, за да не се рече за мене: »го уби жена«. И слугата го прободе и тој умре. Израилците, откако видоа дека Авимелех умре, отидоа секој во местото свое. Така му даде Бог на Авимелеха за злочинот што го направи против таткото свој, убивајќи ги седумдесетте браќа свои. И сите злодела на сихемските жители Бог ги сврти против главите нивни; и ги стигна клетва од Јотам, Јеровааловиот син. По Авимелеха се крена да го спаси Израилот Тола, синот на Фуј, син Додов, од Исахарово племе. Тој живееше во Самир, на гората Ефремова. Тој беше судија над Израилот дваесет и три години, и умре, и беше погребан во Самир. По него се крена Јаир од Галад, кој беше судија над Израилот дваесет и две години. Тој имаше триесет и два сина, кој јаваа на триесет и две ослиња, и тие имаа триесет и два града, кои и до денес се нарекуваат Јаирови селишта, а се во Галадската земја. Умре Јаир и беше погребан во Камон. А Израилевите синови пак почнаа да вршат зло пред Господа и им служеа на разни Вааловци и Астарти, на боговите сириски, на боговите сидонски, на боговите моавски, на боговите амонитски и на боговите филистејски, а Господа Го оставија и не Му служеа. И се разгори гневот на Господа против Израилот, и Он ги предаде во рацете на Амонитите. Оттогаш тие ги угнетуваа и ги мачеа Израилевите синови осумнаесет години по ред, сите Израилеви синови од онаа страна на Јордан во Аморејската земја, кој е во Галад. Најпосле Амонитите го преминаа Јордан, за да војуваат против Јуда и Венијамина и против домот Ефремов. И синовите Израилеви беа на големи маки. Па повикаа синовите Израилеви кон Господа и рекоа: »Згрешивме пред Тебе, зашто го оставивме нашиот Бог и им служиме на Вааловци.« И Господ им рече на Израилевите синови: »Не ве угнетуваа ли Египтјаните и Аморејците, Амонитите и Филистејците, Сидонците, Амаликијците и Моавците и кога повикавте кон Мене, не ве спасив ли од рацете нивни? А вие Ме оставивте и почнавте да им служите да други богови; затоа нема повеќе да ве спасувам; одете, повикајте ги боговите, што сте ги избрале, нека ве спасат тие во ова за вас тешко време.« Тогаш синовите Израилеви Му рекоа на Господа: »Згрешивме; прави со нас сѐ што Ти е угодно, само спаси нѐ сега.« И ги отфрлија од себе туѓите богови и почнаа да Му служат само на Господа. И не ги истрпе душата Негова страдањата Израилеви. Амонитите, пак, се собраа и се сместија, се улогорија во Галад; исто така се собраа и Израилевите синови и се улогорија во Масифа. Народот и началниците галадски се рекоа еден на друг: »Кој ќе почна војна против Амонитите, тој нека биде началник на сите галадски жители.« А Ефтај беше од Галад, човек храбар; но беше син на една блудница, со која Гал го роди Ефтаја. Но жената на Гал му роди синови. Кога пораснаа синовите од жената, таа го истера Ефтаја, велејќи му: »Ти не си наследник на татковиот ни дом, зашто си син на друга жена.« И Ефтај избега од браќата свои во земјата Тов. При Ефтајта се собраа тогаш безделници и одеа со него. По извесно време Амонитите влегоа во војна против Израилот. Во времето на војната на Амонитите против Израилот отидоа галадските старешини да го доведат Ефтај од земјата Тов, и му рекоа на Ефтаја: »Дојди, стани ни војвода и ќе војуваме против Амонитите.« Ефтај им рече тогаш на галадските старешини: »Нели ме намразивте и ме истеравте од домот на татка ми? Зошто дојдовте сега кај мене, кога сте во неволја?« Галадските старешини му одговорија на Ефтаја: »За тоа дојдовме кај тебе сега, за да дојдеш со нас и да војуваш против Амонитите и да бидеш кај нас кнез на сите жители галадски.« А Ефтај им одговори на галадските старешини: »Ако ме вратите, за да се борам против Амонитите, и Господ ми ги предаде, – ќе станам ли кај вас кнез?« Галадските старешини му рекоа на Ефтај: »Господ нека биде сведок меѓу нас, дека ќе постапиме според зборот твој!« Потоа Ефтај отиде со галадските старешини, и народот го постави за свој кнез и војвода. И Ефтај ги искажа сите свои зборови пред Господа, што ги беше рекол во Масифа. И Ефтај испрати тогаш пратеници при амонитскиот цар да каже: »Што бараш од мене, та си дошол кај мене да војуваш во земјата моја?« А амонитскиот цар им рече на Ефтаевите пратеници: »Кога Израил дојде од Египет, ја зазеде мојата земја од Арнон до Јавок и Јордан; затоа врати ми ја на мирен начин и јас ќе се повлечам.« И се вратија пратениците на Ефтаја. Но Ефтај пак испрати пратеници при амонитскиот цар, за да му кажат: »Вака вели Ефтај: Израел не ја зазеде земјата Моавска и земјата Амонитска; зашто, кога доаѓаше од Египет, Израилот отиде во пустињата кај Црвеното Море и дојде во Кадес; оттаму Израил испрати пратеници кај едомскиот цар за да кажат: ‚дозволи ми да минам низ земјата твоја‘. Но едомскиот цар не се согласи; и при моавскиот цар испрати, но и тој не се согласи. Зато Израил остана во Кадес. И тргна преку пустињата, ја заобиколи земјата Едомска и земјата Моавска, и дојде до источната граница на Моавската земја, и се смести од онаа страна на Аронон; не не влезе во пределите моавски, бидејќи Арнон е граница на Моав. Но Израил испрати пратеници и при Сиона, царот аморејски, царот есевонски, и му рече: ‚дозволи ни да минеме преку твојата земја до нашето место.‘ Но Сион не му дозволи на Израилот да мине преку пределите негови, и го собра Сион сиот народ свој, па се улогори во Јас и се судри со Израилот. И Господ, Бог Израилев, го предаде Сиона и сиот негов народ во рацете на Израилот, и тој ги испотепа; и завладеа Израил со целата земја на Аморејците, кои живееја во таа земја, и тие завладееја над сите предели на Амореја, од Арнон до Јавок и од пустињата до Јордан. И така, Господ, Бог Израилев, ги изгони Аморејците пред народот Свој, Израилот, а ти сакаш да го завладееш? Не владееше ли ти со тоа, што ти го дал Хамос, твојот Бог? И ние владееме со сето она, што ни го даде како наследство Господ, нашиот Бог. Зар си ти подобар од Валак, Сепфоровиот син, царот моавски? Се карал ли тој со Израилот или војувал ли против него? Израилот живее веќе триста години во Есевон и во нему потчинетите градови, во Ароир и во потчинетите му градови, и во сите градови, што се блиску до Арнон; зошто за тоа вмреме не ги одзедовте? Јас не сум виновен пред тебе, а ти ми правиш зло, излегуваш во војна против мене. Господ нека биде судија меѓу синовите Израилеви и Амонитите.« Но амонитскиот цар не ги послуша зборовите на Ефтаја, што тој му ги испрати. И слезе врз Ефтаја Духот Господов, и тој го премина Галад и Манасија, ја премина Масифа Галадска, и од Масифа Галаска отиде кај Амонитите. И се заветува Ефтај пред Господа, велејќи: »Ако ги предадеш Амонитите во рацете мои, тогаш, кога ќе се вратам со мир од Амонитите, сѐ што ќе ми излезе во пресрет од вратата на домот мој, нека биде за Господа, и ќе го принесам за жртва сепаленица.« Па отиде Ефтај кај Амонитите, да се бори против нив, и Господ му ги предаде во рацете негови; и им нанесе многу голем пораз, од Ароир до Менит, во дваесет градови, и до Авел – лозјарски крај, и се смирија Амонитите пред синовите Израилеви. Потоа дојде Ефтај во Масифа, во домот свој, и ете, ќерка му излегува во пресрет со тимпани и хор: таа му беше единица; освен неа немаше ни син ни ќерка. Штом ја виде, ја раскина облеката своја и рече: »Ах, дете мое! Ти ме сосипа: и ти се меѓу оние, што го нарушија спокојството мое! Јас ја отворив устата своја пред Господа и не можам да одречам.« Таа му одговори: »Татко! Ти си ја отворил устата своја пред Господа – прави го она со мене, што си го кажал со устата своја, штом Господ се одмазди преку тебе на твоите напријатели, Амонитите«. И му рече на татка си: »Направи ми уште, еве, што – пушти ме за два месеца да отидам да се искачам на гората и да го исплачам моминството свое со другарките мои!« Тој ѝ рече: »Оди!« И ја пушти за два месеца. Таа отиде со другарките свои и го оплакуваше моминството свое во гората. По два месеца таа се врати при татка си, и тој го изврши над неа заветот свој, што го даде, и таа не позна маж. И стана обичај кај Израилот, така што од година до година ќерките Израилеви да одат и ја оплакуваат ќерката на Галадецот Ефтаја, по четири дена секоја година. Луѓето од Ефремовото племе се собраа, дојдоа во Сефин и му рекоа на Ефтаја: »Зошто отиде да војуваш против Амонитите, а нас не нѐ повика со себе? Ние ќе го изгорима со оган домот твој со тебе.« Ефтај им рече: »Јас и народот мој имавме со Амонитите силни караници; јас ве повикав, но вие не ме спасивте од рацете нивни. Откако увидов, дека вие нема да ме спасите, го изложив животот на опасност и отидов против Амонитите, и Господ ги предаде во рацете мои; зошто дојдовте сега да војувате против мене?« Тогаш Ефтај ги собра сите галадски жители и удри на Ефремовците, и жителите галадски ги испотепаа Ефремовците, велејќи: »Вие сте бегалци Ефремови, а Галад е среде Ефрема и среде Манасија«. И Галадците ги зазедоа бродовите јордански од Ефремовците, и кога некој од унесреќените Ефремовци ќе речеше: »дозволете ми да преминам«, жителите галадски му велеа: »нели си ти Ефремовец?« Тој ќе одговори: »не«. Тие ќе му речат: »кажи шиболет«, и тој ќе рече: »сиболет«, и не можеше никако да го изговори. Тогаш тие го земаа и го заколуваа при бродот преку Јордан. И во тоа време од Ефремовците паднаа читириесет и две илјади. Ефтај беше судија над Израилот шест години, и умре Ефтај, и беше погребан во еден од галагадските градови. По него судија над Израилот беше Есевон од Витлеем. Тој имаше триесет синови, а триесет ќерки од домот свој омажи, додека тириесет ќерки зеде однадвор за синовите свои, и беше судија над Израилот седум години. Есевон умре и беше погребан во Витлеем. По него судија над Израилот стана Елон од Завулон и му судеше на Израилот десет години. Умре и Завулонецот Елон и го погребаа во Елим, во земјата Завулонова. По него беше судија над Израилот Авдон, син на Елива Фаратонецот. Тој имаше четириесет синови и триесет внуци, кои јаваа на седумдесет ослиња; тој му судеше на Израилот осум години. И умре Авдон, синот на Фаратонецот Елива, и беше погребан во Фаратон, во земјата Ефремова, во гората Амаликова. Израилевите синови пак правеа зло пред Господа, и Господ ги предаде во рацете на Филистејците за време од четириесет години. Во тоа време имаше еден човек од Сарај, од Дановото племе, по име Маној; жена му беше неплодна и не раѓаше. И Ангел Господов ѝ се јави на жената и ѝ рече: »Ете, ти си неплодна и не раѓаш; но ќе зачнеш и ќе родиш син; затоа пази се, не пиј вино и сикер и не јади ништо нечисто; оти, ете, ќе зачнеш и ќе родиш син, и брич нема да ја допре главата негова, зашто од самата мајчина утроба тоа младенче ќе биде назореј Божји, и ќе почне да го спасува Израилот од рацете на Филистејците.« Жената дојде и му кажа на мажот свој, велејќи: »Човек Божји дојде кај мене, и лицето му беше како лице на Ангел Божји, многу страшно; јас не го прашав од каде е, и тој не ми го кажа името свое; тој ми рече: ‚ете, ќе зачнеш и ќе родиш син; затоа не пиј вино и сикер и не јади ништо нечисто, бидејќи младенчето од самата мајчина утроба па до смртта своја ќе биде посветено на Бога.‘« И Маној му се помоли на Господа и рече: »Господи! Нека дојде пак при нас човекот Божји, што си го испратил, и нека нѐ научи како да постапиме со младенецот, што ќе се роди.« Бог ја услиши молитвата на Маноја, и Ангелот Божји пак дојде при жената, кога таа беше во полето, а Маној, мажот нејзин, не беше со неа. Жената во тој момент потрча и му јави на мажот свој и му рече: »Ете, ми се јави човекот, кој порано дојде кај мене.« Маној стана и тргна со жена си, и дојде кај оној човек и му рече: »Ти ли си човекот, што говорел со оваа жена?« И Ангелот рече: »Јас.« И рече Маној: »И така, нека се исполни зборот твој, но како да постапуваме со тоа младенче, и што да правиме со него?« Ангелот Господов му кажа на Маној: »Нека се чува тој од сѐ она, за кое ѝ говорев на жената; нека не јаде ништо од она што лозата го раѓа; нека не пие вино и сикер, да не јаде ништо нечисто и да внимава на сѐ, што ѝ заповедав.« А Маној му рече на Ангелот Господов: »Дозволи ми да те задржам, додека да зготвиме јаре.« Ангелот Господов му рече на Маној: »И да ме задржиш, јас нема да јадам твој леб; ако, пак, сакаш да Му принесеш жртва на Господа, принеси го.« Маној не знаеше, дека е тоа Ангел Господов. Маној пак го праша Ангелот Господов: »Како ти е името, за да те прославам, кога ќе се исполни зборот твој.« Ангелот Господов му одговори: »Зошто прашуваш за името мое? Тоа е чудно.« И го зеде Маној јарето и лебниот принос и Му ги принесе на Господа врз камен. И Он изврши чудо, кое го видоа Маној и неговата жена. Кога почна пламенот да се издига од жртвеникот кон небото, Ангелот Господов се издигна во жртвениот пламен. Откакот го видоа тоа, Маној и жената негова паднаа ничкум на земјата. И Ангелот Господов стана невидлив за Маној и жената негова. Тогаш Маној дозна, дека тоа беше Ангел Господов. И ѝ рече Маној на жената своја: »Бездруго ќе умреме, бидејќи Го видовме Бога.« Жената му рече: »Ако Господ сакаше да нѐ умртви, не би примил од рацете наши жртва сепаленица и лебен принос, и не би ни го покажал сето она, а сега не би ни го открил ова.« и жената роди син и го нарече со името Самсон. И младенчето растеше, и Господ го благословуваше. И Духот Господов почна да дејствува во него во Дановиот логор, меѓу Сарај и Естаол. И отиде Самсон во Тамната и виде во Тамната мома од филистејските ќерки. Тој отиде и им јави на татка си и на мајка си и рече: »Видов во Тамната девојка од филистејските ќерки; земете ми ја за жена«. Татко му и мајка му рекоа: »Зар нема мома меѓу ќерките на браќата твои и во сиот народ, па одиш да земеш жена од необрезаните Филестејци?« А Самсон му одговори на татка си: »Неа земи ја за жена, бидејќи таа ми се свиде.« Татко му и мајка му на знаеја дека тоа е од Господа, и дека тој бара случај да им се одмазди на Филистејците. Во тоа време Филистејците владееја над Израилот. И отиде Самсон со татка си и мајка си во Тамната, и кога се приближуваа до Тамнатските лозја, ете еден млад лав, рикајќу му доаѓа во пресрет. И Духот Господов слезе врз него, и тој го раскина лавот како јаре; а во раката негова немаше ништо. И не им кажа на татка си и мајка си, што направи. И дојде и поразговара со девојката, и таа му се допадна на Самсона. По неколку дена, тој пак отиде, за да ја земе, и наврати да го види трупот на лавот, и ете, рој пчели на трупот од лавот и мед. Тој зеде од медот во рацете свои, тргна и јадеше по патот; и кога дојде кај татка си и мајка си, им даде и ним, и тие јадеа; но не им кажа дека тој мед го зел од трупот на лавот. Дојде и татко му кај девојката, и таму Самсон приреди седумдневна гозба, како што обично прават младоженците. И штом го видоа таму, избраа триесет брачни другари, кои ќе бидат при него. И им рече Самсон: »Ќе ви поставам една гатанка: ако ми ја одгатнете во текот на седумте дена на гозбава и ја погодите точно, ќе ви дадам триесет кошули и триесет промени; ако, пак, не можете да ја одгатнете, вие ќе ми дадете триесет кошули и триесет промени.« Тие му рекоа: »Постави ја гатанката, да ја чуеме.« И им рече: »Од јадачот излезе јадење, и од силниот излезе слатко.« И три дена не можеа да ја одгатнат гатанката. На седмиот ден тие ѝ рекоа на Самсоновата жена: »Потсети го мажот твој, да ни ја одгатне гатанката; инаку ќе те изгориме со оган тебе и домот на таткото твој; зар нѐ поканивте да нѐ оберете.« И плачеше пред Самсона жената негова, велејќи: »Ти ме мразиш и не ме сакаш; ти им зададе гатанка на синовите на мојот народ, а мене не ми ја одгатнуваш.« Тој ѝ рече: »На татко ми и на мајка ми јас не им ја одгатнав, на тебе ли да ти ја кажам?« И плачеше таа пред него седум дена, додека траеше гоштевањето нивно. Најпосле на седмиот ден тој ѝ ја одгатна, бидејќи таа упорно го молеше. А таа им ја кажа гатанката на синовите на својот народ. И на седмиот ден пред зајдисонце му рекоа граѓаните: »Што е послатко од мед, и што е посилно од лав?« Тој им рече: »Да не бевте орале со мојата јунечка, немаше да ја одгатнете гатанката моја.« И Духот Господов слезе врз него, и тој отиде во Аскалон, каде што уби триесет души, ги соблече од нив алиштата, им ги даде промените на оние, што ја беа одгатнале гатанката; и се расрди многу, па отиде во куќата на таткото свој. А жената на Самсон се омажи за неговиот свадбен другар, кој му беше пријател. По неколку дена, по жетвата на пченицата, дојде Самсон да се види со жена си, донесувајќи со себе едно јаре; и кога рече: »Ќе влезам при жена си во спалната«, татко ѝ не му дозволи да влезе. И рече татко н: »Јас помислив дека ти си ја намразил, па ја дадов на пријателот твој; ете, помалата сестра е поубава од неа; таа нека биде твоја неместо неа.« Тогаш Самсон рече: »Сега ќе бидам прав пред Филистејците, ако им сторам зло.« И отиде Самсон и улови триста лисици и, откако зеде свеќи, врза опашка за опашка и врза една свеќа меѓу две опашки; ги запали свеќите, и ги пушти лисиците во посевите филистејски та ги изгоре крстините и неожнеаното жито, и лозјата и маслиновите градини. И се прашуваа Филистејците: »Кој го направи тоа?« И рекоа: »Самсон, зетот на тимнатеецот, бидејќи тој му ја одзеде жената и ја даде на другарот негов.« Тогаш Филистејците отидоа и ја изгорија со оган неа и домот на татко н. Самсон им рече: »Иако го сторивте тоа, јас пак ќе ви се одмаздам и само тогаш ќе се успокојам.« И тој им ги скрши колената до бедрата, и отиде па заседна во пештерата кај карпата Итам. Тогаш станаа Филистејците и се улогорија во Јудеја, па се раширија дури до Лехи. А жителите на Јудеја запрашаа: »Зошто излеговте против нас?« Тие одговорија: »Дојдовме да го врземе Самсона, за да постапиме со него онака како што тој постапи со нас.« И три илјади души Јудејци отидоа до пештерата кај карпата Итам и му рекоа на Самсона: »Зар не знаеш дека Филистејците владеат над нас? Што ни направи?« Тој им одговори: »Како што постапија тие со мене, така постапив и јас со нив.« Тие му рекоа: »Дојдовме да те врземе, за да те предадеме во рацете на Филистејците.« А Самсон им рече: »Заколнете се дека нема да ме убиете.« Тие му одговорија: »Не, ние само ќе те врземе и ќе те предадеме во рацете нивни, а што се однесува до убивањето, нема да те убиеме.« И го врзаа со две нови јажиња и го одведоа од пештерата. Кога се приближи до Лехи, Филистејците го пресретнаа со радосно викање. И Духот Господов слезе врз него, и јажињата на рацете негови станаа како изгорен лен, и врските паднаа од рацете негови. Па најде пресна ослина челуст, ја протегна раката, и ја зеде и уби со неа илјада души. И рече Самсон: »Со ослина челуст убив толку, двапати по толку, со ослина челуст убив илјада души.« Откако го рече тоа, ја фрли челуста од раката своја и го нарече тоа место: »Рамат-Лехи.« Тогаш почувствува силна жед; викна кон Господа и рече: »Ти го изврши со раката на Твојот слуга ова големо избавување; но сега ќе умрам ли од жед или ќе паднам во рацете на необрезаните.« И Бог ја расцепи карпата во Лехи, и потече вода од неа. Тој се напи, духот му се поврати и оживе; затоа беше наречено тоа место: »Извор на оној што се моли«, што е во Лехи и до ден денес. И тој беше судија над Израилот во дните на Филистејците дваесет години. Потоа Самсон дојде во Газа; таму виде една блудница и влезе при неа. Им јавија на жителите од Газа: »Самсон дојде овде«. И обиколуваа, го чекаа цела ноќ при градските порти и се криеја цела ноќ, велејќи: »До осамнување ќе чекаме и ќе го убиеме.« А Самсон спиеше до полноќ; на полноќ стана, ги искорна вратите на градските порти со двата довратника, ги крена заедно со диреците, ги стави на грб и ги оденсе на врвот од гората, која е на патот за Хеврон и ги остави таму. Потоа тој засака една, која живееше во долината Сорек; името и беше Далида. Дојдоа кај неа филистејските кнезови и ѝ рекоа: »Запрашај го и дознај во што му е големата сила, и како да го надмудриме, за да го врземе и да го смириме; ние, пак, ќе ти дадеме за тоа секој по илјада и сто сикли сребро.« Тогаш Далида го праше Самсона: »Кажи ми, во што ти е големата сила, и со што би можеле да те врзат, за да те смират?« Самсон ѝ одговори: »Ако ме врзат со седум сурови тетиви, уште неисушени, јас ќе станам бессилен и ќе бидам како другите луѓе.« И ѝ донесоа филистејските кнезови седум сурови тетиви, уште неисушени, и таа го врза со нив. Во тоа време еден од нив седеше сокриен во спалната нејзина; и таа рече: »Самсоне, Филистејците идат против тебе.« Тој ги раскина тетивите, како што се раскинува коноп кога ќе го гори оган. И не се дозна за силата негова. И Далида му рече на Самсона: »Ете, ти ме измами и ми кажа лага; кажи ми сега, со што можат да те врзат?« Тој ѝ одговори: »Кога би ме врзале со нови јажиња, кои не биле употребени, јас би станал бессилен и ќе бидам како другите луѓе.« Далида зеде нови јажиња, го врза и му рече: »Самсоне, Филистејците доаѓаат против тебе.« Во тоа време еден од нив седеше сокриен во спалната. И тој ги скина јажињата од рацете свои како конци. И Далида пак му рече на Самсона: »Ти сѐ ме мамиш и ми говориш лага; кажи ми, со што можат да те врзат?« Тој одговори: »Ако привиеш седум перчиња од косата на главата моја, на вратило и ги забиеш со колец на камен јас ќе бидам бессилен како другите луѓе.« И го успа Далида на колената свои. И кога тој заспа, Далида зеде седум перчиња од косата на главата негова, ги приви на вратилото и со колец ги притегна на камен и му рече: »Филистејците идат против тебе, Самсоне!« Тој се разбуди од сонот и го извлече кросното сплеткано од основата и вратилото, и пак не се дозна за силата негова. И Далида тогаш му рече: »Зошто зборуваш ‚те сакам‘, а срцето твое не е со мене? Ете, ме измами трипати и не ми кажа, во што е твојата голема сила.« И бидејќи таа го возменураваше со зборовите свои секој ден и го мачеше, душата негова му се натажи до смрт. И тој ѝ го откри целото свое срце, велејќи н: »Бербер не се допрел до главата моја, зашто јас сум назореј Божји од мајчината си утроба: ако ме истриже некој, ќе ме напушти силата моја; јас ќе ослабам и ќе бидам како другите луѓе.« Далида, откако виде, дека тој ѝ го откри целото срце свое, испрати и ги повика филистејските кнезови, велејќи им: »Дојдете сега; тој ми го откри целото срце свое.« И тие дојдоа кај неа и донесоа сребро во рацете свои. И Далида го успа на колената свои, па повика еден човек, та му заповеда да ги истриже седумте плетенки на главата негова. И тој почна да ослабува, и силата негова го напушти. Таа тогаш рече: »Филистејците доаѓаат против тебе, Самсоне!« Тој се разбуди од сонот свој и рече: »Ќе отидам, како и порано, и ќе се ослободам.« Но не знаеше, дека Господ отстапил од него. Филистејците го фатија и му ги извадија очите, го доведоа во Газа и го оковаа со две бакарни вериги, и тој мелеше во затворот. Меѓутоа, косата на главата негова, откако беше истрижен, почна пак да расте. Филистејските кнезови се собраа, за да принесат голема жртва на Дагона, својот бог, и да се провеселат, па рекоа: »Нашиот бог го предаде во рацете наши нашиот непријател Самсон.« Исто така и народот, откако виде, го прославуваше својот бог, велејќи: »Нашиот бог ни го предаде во рацете наши непријателот наш и опустошителот на земјата наша, кој порази многумина од нас.« А кога се развесели срцето нивно, рекоа: »Повикајте го Самсона од затворот за да нѐ развесели.« И го повикаа Самсона од затворот, и тој ги веселеше и го ставија меѓу два столба. И Самсон му рече на момчето, што го водеше за рака: »Дозволи ми да ги напипам столбовите, врз кои се крепи домот, и да се потпрам на нив.« Момчето така и направи. А домот беше полн со мажи и жени: таму беа сите филистејски кнезови, и на покривот имаше до три илјади мажи и жени, кои гледаа во Самсона како ги веселеше. Повика Самсон кон Господа и рече: »Господи Боже, спомни си за мене и поддржи ме само сега, о Боже, за да им се одмаздам веднаш на Филистејците за двете очи мои.« И ги помести Самсон од местото двата средни столба, врз кои се крепеше домот, откако наблегна врз нив, на едниот со десната рака, а на другиот со левата. И Самсон рече: »Умри, душо моја, со Филистејците!« И притисна со сета сила, и домот се урна врз кнезовите и врз сиот народ, што беше со него. И умрените, што ги уби при смртта своја, беа повеќе, отколку тој што беше умртвил во текот на целиот живот свој. И дојдоа браќата негови и целиот негов татков дом, го зедоа, па отидоа и го погребаа меѓу Сарај и Естаол, во гробот на татко му Маној. Тој беше судија над Израилот дваесет години. По Самсона се издигна Емегар, Енановиот син, и уби од другите племиња шестотини души, освен добитокот. И тој го спаси Израилот. Имаше еден човек од Ефремова гора, по име Миха. Тој ѝ рече на мајка си: »Илјада и сто сикли што ти беа украдени и за кои ти изрече пред мене проклетство, тоа сребро е кај мене, јас го зедов.« Мајка му рече: »Багословен нека биде синот мој пред Господа!« И тој ги врати на мајка си илјадата и сто сикли сребро. И мајка му рече: »Тоа сребро го посветив од себеси на Господа за мојот син, за да направи од него идол и излеана статуа, и така, ти го давам.« Но тој ѝ го врати среброто на мајка си. Мајка му ги зеде двесте сикли сребро и ги даде на леарот. Тој направи од нив идол и излеа статуа, кој стоеше во домот на Миха. И така, Миха имаше дом Божји. И направи тој ефод и серафим и посвети еден од синовите свои, за да му биде свештеник. Во тие денови Израилот немаше цар; затоа секој го правеше она што го сметаше за право. Тогаш живееше таму еден младич, левит, од Витлеем Јудејски, од Јудиното колено; тој човек излезе од градот Витлеем Јудејски, од Јудиното колено, за да преживее каде што ќе најде место, и, како што одеше по патот, дојде до Ефремовата гора, до домот на Миха. И Миха го запраша: »Од каде доаѓаш?« А тој му одговори: »Јас сум левит од Витлеем Јудејски и одам да поживеам, каде што ќе најдам место.« А Миха му рече: »Остани кај мене и биди ми татко и свештеник; ќе ти давам годишно по десет сикли сребро, потребната облека и исхрана.« Левитот се согласи да остане кај оној човек, и тој момок му беше како син. Миха го посвети левитот, и тој момок му беше свештеник и живееше во домот на Миха. И Миха си рече: »Сега знам дека Господ ќе ми прави добро, зашто имам левит свештеник.« Во тие денови Израилот немаше цар; и во тоа време, пак, Дановото племе си бараше дел, каде да се насели, зашто дотогаш не му беше паднал полн дел меѓу Израилевите племиња. И Дановите синови испратија од племето свое петмина храбри мажи, од Сарај и Естаол, за да ја прегледаат земјата и да ја испитаат, и им рекоа: »Одете, проучете ја земјата!« Тие дојдоа во Ефремовата гора близу до домот на Миха и таму ноќеваа. Откако влегоа во домот на Миха, тие го познаа гласот на младиот левит, влегоа таму и го прашаа: »Кој те доведе овде? Што правиш тука? Зошто си овде?« Тој им одговори: »Тоа и тоа направи за мене Миха, ме најми, и јас сум му свештеник.« Тие тогаш му рекоа: »Прашај го Господа Бога, за да знаеме, успешен ли ќе биде патот наш, по кој сме тргнале.« Свештеникот им рече: »Одете со мир; пред Господа е патот ваш, по кој сте тргнале.« И петмината мажи тргнаа, и дојдоа во Лаис, и видоа дека тамошниот народ живее спокојно, според обичајот на Сидонците, дека е тих и безгрижен, и дека нема во оваа земја, кој да онеправда во нешто, или да има власт: тој народ живееше далеку од Сидонците и со никого немаа никаква работа. И кога се вратија кај браќата свои во Сарај и Естаол, и браќата нивни ги запрашаа: »Што направивте?« Тие одговорија: »Станете да одиме против нив; ние ја видовме земјата, таа е многу убава. Што, вие се двоумите? Не задржувајте се и тргнете да ја завладееме таа земја; а кога ќе тргнете, ќе дојдете кај еден народ безгрижен, и таа земја е широка; Бог ја предава во ваши раце; местото е такво, што нема скудности во ништо, што дава земјата.« И тргнаа оттаму, од Сарај и Естаол, шестотини души од Дановото племе вооружени. Тие тргнаа и се улогорија во Киријат-Јарим, во Јудеја. Затоа и до денес она место го нарекуваа Даанов логор. Тој е од онаа страна на Киријат-Јарим. Оттука тие тргнаа кон Ефремовата гора и дојдоа при домот на Миха. И петмината мажи, што беа оделе да ја прегледаат земјата Лаис, им рекоа на браќата свои: »И дали знаете, дека во еден од тие домови има ефод, серафим, идол и излеана статуа? И така, помислете, што да се прави.« И навратија таму и влегоа во домот на младиот левит, во домот на Миха, и го поздравија. А шестотините Данови синови, вооружени, стоеја кај вратата. Петмината, пак души, што беа оделе да ја обиколат земјата, отидоа, влегоа таму, го зедоа идолот и ефодот, серафимот и излеаната статуа. А свештеникот стоеше кај вратите со шестотините души, вооружени. Кога влегоа во домот на Миха и го зедоа идолот, ефодот, серафимот и излеаната статуа, свештеникот им рече: »Што правите?« Тие му одговорија: »Молчи, стави ја раката на устата своја и оди со нас и биди ни татко и свештеник; подобро ли ти е да бидеш свештеник во домот на еден човек, отколку да бидеш свештеник во Израилево племе и род?« Свештеникот се зарадува, го зеде ефодот, серафимот и идолот и излеаната статуа, и тргнаа со народот. Тие свртија и тргнаа, и ги испратија напред децата, добитокот и тешките предмети. Кога се оддалечија од домот на Миха, Миха и жителите од домовите, соседи на Миховиот дом, се собраа и се втурнаа по Дановите синови и викаа по Дановите синови. Дановите синови се свртија и му рекоа на Миха: »Што ти е, што викаш толку?« Миха одговори: »Ми ги зедоте боговите, што бев ги направил, и свештеникот, и си заминавте. Што ми остана уште, па велите: што ти е?« А Дановите синови му рекоа: »Да не се чуе гласот твој повеќе, инаку, некој од нас, ако се налути, ќе те нападне, и ти ќе си ја загубиш душата своја и челадта своја.« И Дановите синови тргнаа по патот; а Миха, откако виде, дека се тие посилни од него, си тргна назад и се врати во домот свој. А тие откако го зедоа она, што го беше направил Миха, и свештеникот, кој беше со него, отидоа во Лаис против спокојниот и безгрижен народ, и го поразија со меч, а градот го изгореа со оган. Немаше кој да помогне, зашто тој беше оддалечен од Сидон и со никого немаше работа. Тој гред се наоѓаше во долината, што е близу до Вет-Рехов. И изградија одново град и се населија во него. откако го нарекоа градот со името Дан, според името на татка си Дан, Израилевиот син; а порано тој град се викаше Лаис. И Дановите синови си поставија идол; Јонатан, пак, синот на Гирсона, Манасиев син, тој и синовите негови, беа свештеници во Дановото племе сѐ до денот, кога жителите на онаа земја сѐ преселија; и си имаа идол, што беше напарвен од Миха, за сето време, додека домот Божји се наоѓаше во Силом. Во она време, кога Израил немаше цар, живееше еден левит, кој како придојден живееше во гората Ефремова. Тој си зеде наложница од Витлеем Јудејски. Но наложницата негова се скара со него и си отиде во татковиот си дом, во Витлеем Јудејски, и остана таму четири месеци. Мажот ѝ стана и отиде при неа, за да ја замоли и да ја врати назад. Со него беше слугата негов и две ослиња. Таа го воведе во татковиот дом. Тестот негов, татко на таа млада жена, откако го виде, го пресретна радосно и го задржа. И тој престојуваше кај него три дни: јадеа, пиеја и ноќеваа таму. На четвртиот ден станаа рано, стана и тој, за да си оди. И таткото на младата жена му рече на зетот свој: »Поткрепи го срцето свое со залак леб, и потоа ќе тргнете.« Тие останаа, и двајцата заедно јадеа и пиеја. И таткото на таа млада жена му рече на тој човек: »Остани уште една ноќ, и нека се повесели срцето твое!« Човекот беше станал за да си оди, но тестот го наговори и тој пак ноќеваше таму. На петтиот ден изутрината тој стана, за да си оди. А таткото на младата жена рече: »Поткрепи си го срцето свое со леб, и почекајте, додека да измине денот.« И јадеа двајцата и пиеја. И стана човекот да си оди, тој, наложницата негова и слугата негов. И тестот негов, таткото на младата жена, му рече: »Еве, почна да се стемнува, ноќевајте, ве молам, денот е на свршување, ноќевај тука, нека се повесели срцето твое; утре рано ќе тргнете на пат, и ќе си одиш во домот свој!« Но мажот не се согласи да ноќева, стана и тргна; и наближи до Евус, кој е сега Ерусалим; со него двете натоверени ослиња и наложницата со него. Кога беа близу до Евус, денот веќе беше изминал. И слугата му рече на господарот свој: »Да навратиме во овој евусејски град и да ноќеваме во него.« Господарот му одговори: »Не, нема да одиме во град на други племиња, кое не се од синовите Израилеви, а ќе појдеме во Гаваон.« И му рече на слугата свој: »Оди да стигнеме до едно од Гаваонските места и ќе ноќеваме во Гаваон или во Рама.« Па тргнаа, и одеа, а сонцето зајде близу до Гаваон Венијаминов. И тие навратија таму, за да одат да ноќеваат во Гива. Откако влезе, тој седна на градскиот плоштад, но никој не ги покани во домот свој да ноќеваат. И ете, еден старец се враќаше вечерта од полска работа; тој беше родум од Ефремовата гора и живееше како придојден во Гаваон. Жителите, пак, од тоа место беа Венијаминоти синови. Кога ги грена очите, тој виде на градскиот плоштад патник. И старецот запраша: »Каде одиш и од каде доаѓаш?« Тој му одговори: »Од Витлеем Јудејски одиме за Ефремовата гора, од каде што сум јас; отидов во Витлеем Јудејски, а сега одам кон домот Господов; и никој не ме поканува во домот свој; си имаме и слама и храна за ослите свои; исто така и леб и вино за мене и за твојата робинка и за овој слуга има кај твоите слуги, од ништо немаме потреба.« Старецот му рече: »Биди спокоен; каква потреба и да имаш, јас ќе се погрижам, само на улица не ноќевај.« И го одведе во домот свој и им даде храна на ослите негови, а самите тие се измија нозете свои, јадеа и пиеја. Откако го развеселија срцето свое, ете, градските жители, развратници, ја опколија куќата, зачукаа на вратата и му говореа на старецот, стопанот на куќата: »Изведи го човекот, кој влезе во куќата твоја, за да го запознаеме.« Стопанот на куќата излезе пред нив и им рече: »Не, браќа мои, не правете зло, кога тој човек влегол во куќата моја, не правете го тоа безумие; еве, јас имам ќерка мома, а тој има наложница ќе ги изведам осраметете ги и правете со нив, сѐ што ви е угодно; а со тој човек не правете го тоа безумие.« Но тие на сакаа да го слушаат. Тогаш мажот ја зеде наложницата своја и ја изведе при нив на улица. Тие ја познаа и ја злоставуваа цела ноќ до утрината. И ја пуштија во зората. И во зората дојде жената, падна пред куќната врата на човекот, кај кого беше господарот нејзин, и лежеше до осамнување. Господарот нејзин стана утрината, ја отвори куќната врата и излезе, за да тргне на пат; и ете, наложницата негова лежи пред куќната врата, со рацете на прагот. Тој ѝ рече: »Стани, ќе одиме!« Но одговор немаше зашто таа беше умрела. Тој ја стави на ослето, стана и замина за местото свое. Кога дојде во домот свој, зеде нож, ја фати наложницата своја, ја пресече по деловите на телото нејзино на дванаесет делови и испрати по сите предели Израилеви. Секој, што го виде тоа, велеше: »Не станало и не се видело такво нешто од денот, кога Израилевите синови излегоа од Египетската земја до денес.« И им рече на луѓето што ги испрати: »Така зборувајте по сиот Израил: станало ли такво нешто? Размислете за тоа, посоветувајте се и кажете!« Тогаш излегоа сите синови Израилеви, и се собраа целото општество како еден човек од Дан до Вирсавија и Галадската земја пред Господа во Масифа. Се собраа пред Господа старешините на сиот народ, сите племиња Израилеви, во собранието на народот Божји, – четиристотини илјади пешаци мечоносци. А Венијаминовите синови слушнаа дека синовите Израилеви дошле во Масифа. И Израилевите синови запрашаа: »Кажете, како станало тоа зло?« Левитот, мажот на убавата жена, одговори и рече: »Дојдов со наложницата своја да ноќевам во Гаваон Венијаминов; и се кренаа против мене жителите на Гаваон и преку ноќта ја опколија заради мене куќата; мене сакаа да ме убијат, а наложницата моја ја измачија, откако ја познаа, така што таа умре; јас ја зедов наложницата своја, на парчиња ја исеков и ја испратив по сите области на владеењето Израилево, бидејќи тие извршија назаконито и срамно дело во Израилот; ете, сите вие, синови Израилеви, разгледајте го тоа дело и решете тука.« И се крена сиот народ како еден човек и рече: »Никој нема да отиде во шаторот свој и никој нема да се врати во домот свој. А еве што ќе направиме сега со Гаваон: да фрлиме жреб за него! Ќе земеме по десет души на сто од сите Израилеви племиња, по сто на илјада и по илјада на десет илјади, за да донесат храна за народот, кој што ќе тргне против Гаваон Венијаминов, за да го казни за срамот, што го беше извршил против Израилот.« И сите Израилци се собраа против градот еднодушно, како еден човек. И Израилиевите племиња испратија луѓе да му кажат по целото Венијаминово племе: »Каква гнасотија е извршена кај вас! А сега, предајте ги тие развратници, што се во Гаваон; ние ќе ги убиеме и ќе го искорениме злото од Израилот.« Но синовите Венијаминови не сакаа да го послушаат гласот на браќата свои, синовите Израилеви. И синовите Венијаминови од градовите се собраа во Гаваон, за да тргнат во војна против синовите Израилеви. А во оној ден Венијаминовите синови, што се беа собрале од градовите свои, се изброија дваесет и шест илјади души мечоносци; освен тоа од жителите на Гаваон имаше одбрани на број седумстотини. Во сиот тој народ имаше седумстотини души одбрани, кои беа леваци, и сите тие фрлаа камења со праќки, без да погрешат. А Израилците, без Венијаминовите синови, броеја четиристотини илјади души мечоносци; сите тие беа способни за војна. Тогаш Израилевите синови станаа и отидоа во Божјиот дом и го запрашаа Бога: »Кој од нас прв ќе тргне во бој против синовите Венијаминови?« И Господ одговори: »Јуда прв нека оди.« Утрината станаа синовите Израилеви и се распоредија на табори пред Гава; и излегоа Израилците за борба против Венијамина и се наредија синовите Израилеви во бојни редови близу до Гава. Тогаш излегоа од Гава и синовите Венијаминови и во тој ден убија дваесет и две илјади Израилци. Но, народот израилски се совзеде и пак се нареди за борба на истото место, каде што беше претходниот ден. И отидоа синовите израилеви пред Господа и плачеа до вечерта, па Го прашаа Господ: »Да влеземе ли пак во борба со синовите на нашиот брат Венијамин?« Господ им рече: »Одете против него!« И вториот ден Израилевите синови пак настапија против синовите на Венијамина. Во тој ден излезе и Венијамин од Гава и беа убиени од синовите Израилеви уште осумнаесет илјади души мечоносци. Тогаш сите Израилеви синови и сиот народ тргнаа и дојдоа во Божјиот дом, па седеа таму и плачеа пред Господа, постеа целот ден до вечерта и Му принесоа на Бога сепалиници и мирни жртви. И Го прашаа синовите Израилеви Господа (во тоа време Ковчегот на зеветот беше таму и Финес, синот Елеазаров, син Аронов, стоеше пред него): »Дали да излеземе пак против нашиот брат Венијамин или не?« Господ им рече: »Одете! Утре ќе го предадам во вашите раце.« Тогаш Израил постави заседа околу Гава. На третиот ден излегоа синовите Израилеви против синовите на Венијамина, па, како и порано, се наредија за борба против Гава. Венијаминовите синови излегоа против народот и се оддалечија од градот, и почнаа, како порано, да убиваа од народот по патиштата, од кои еден води за Ветил, а друг во Гаваон, преку полето, и убија до триесет души Израилци. И Венијаминовите синови си рекоа: »Тие паѓаат пред нас како порано.« А Израилевите синови си рекоа: »Да бегаме од нив и да ги одвлечеме од градот на патот.« Тогаш сите Израилци станаа од местото свое и се наредија во Ваал-Тамара. А Израилевата заседа се спушти од местото свое од западната страна на Гаваон. И се собраа против Гаваон десет илјади души одбрани од сиот Израил, и почна жестока борба. Но Венијаминовите синови не знаеја дека ќе ги снајде зло, и Господ го разби Венијамина пред Израилот, и Израилците кутнаа во тој ден од синовите Венијаминови дваесет и пет илјади и сто души вооружени со мечеви. Кога Венијаминовите синови помислија, дека ги поразиле Израилците, кои им направија место, бидејќи Израилецот се надеваше на заседата, што ја беа поставле близу до Гаваон, заседата побрза и се спушти кон Гаваон, – влезе и го порази со меч целиот град. Израилците си беа договориле знак со заседата, да нападнат, кога ќе се крене дим од градот. И така, кога Израилците отстапија од местото на борбата, и Венијамин почна да поразува и кутна до триесет души Израилци, велејќи: »пак паѓаат пред нас, како и во поранешните судири«, тогаш почна да се издига од градот дим како столб. Венијамин погледна назад, и ете, од целиот град излгува дим кон небото. И Израилците се вратија, а Венијамин се уплаши, бидејќи виде дека го снашло зло. И избегаа синовите Венијаминови од Израилците по патот кон пустињата, но беа следени со колеж, и оние, што излегуваа од градовите, таму ги убиваа; го опколија Венијамина и го гонеа без почивка од Нуа и го поразуваа до самата источна страна на Гаваон. И од синовите Венијаминови паднаа осумнаесет илјади души, силни мажи. А од другите што се свртија и се спуштија спрема пустињата, кон карпата Римон, насобраа пет илјади и ги гонеа дури до Гадам, и од нив убија две илјади души. Сите, пак, Венијаминови синови, паднати тој ден, беа дваесет и пет илјади души, вооружени со мечеви, сите беа силни мажи. Другите се свртија и избегаа во камената пустиња, при Римон, четиристотини души и таму останаа четири месеци. А Израилците се вратија кај синовите Венијаминови и ги поразија со меч – и луѓето од градот, и добитокот, и сѐ, што се среќаваше во сите градови, и со оган ги изгореа сите градови што се наоѓаа по патот. И се заколнаа Израилците во Масифа, велејќи: »Никој од нас да не ја дава ќерка си на Ванијаминовите синови за жена!« И народот дојде во Божјиот дом, седеа таму до вечерта пред Бога, кренаа голем писок, силно плачеа и велеа: »Господи, Боже Израилев, зошто се случи ова во Израилот, па сега изчезна едно племе во Израилот.« На другиот ден народот порани, и подигна таму жртвеник и принесоа жртви сепаленици, и мирни жртви. И рекоа синовите Изарилеви: »Кој уште од сите Израилеви племиња не дошал на собранието пред Господа?« Зашто голама клетва беше изречена пред оние, што не беа дошле пред Господа во Масифа, и беше речено, дека тие ќе бидат предадени на смрт. И синовите Израилеви се смилија над братот свој Венијамина и рекоа: »Денес се истреби едно племе од Израилот; што да направиме за жени на другите од нив, кога се заколнавме во Господа дека нема да им ги даваме ќерките свои за жени?« И рекоа: »Нема ли некое од племињата Израилеви, кое не е дојдено пред Господа во Масифа?« И се покажа дека од Јавис Галадски никој не дошол на собранието пред Господа. Го прегледаа народот, и ете, немаше ни еден од жителите на Јавис Галадски. И општеството испрати таму дванаесет илјади души, и им дадоа заповед, велејќи: »Одете и поразете ги со меч жителите на Јавис Галадски, и жените и децата; и еве што ќе направите: ‚Секој маж и секоја жена, што познава машко легло, убијте ги, а момите оставете ги живи.‘« Така и направија. И најдоа меѓу жителите на Јавис Галадски четиристотини моми, што не познале машко легло, и ги доведоа во логорот при Силом, кој е во Хананската земја. Тогаш целото општество испрати луѓе да разговараат со синовите Венијаминови, кои беа кај карпата Римон, и им објави мир. И така Венијаминовите синови се вратија и им дадоа жени, што беа останале живи од жените на Јавис Галадски; но излезе, дека тие на стасуваат. А на народот, пак, му беше жал за Венијамина, поради тоа што Господ не ја зачува целината на Израилевите племиња. И си рекоа старешините народни: »Што да направиме за жени на другите синови, бидејќи жените кај Венијамина се истребени?« И рекоа: »Наследството на Венијамина нека остане, за да не се сотре едно племе од Израилот. Но ние не можеме да им дадеме жени од нашите ќерки, зашто синовите Израилеви се заколнаа, велејќи: ‚Проклет да биде оној, што ќе му даде жена на Венијамина!‘« И рекоа: »Ете, секоја година е празник Господов во Силом, на север од Ветил и на исток од патот, кој води од Ветил за Сихем, и на југ од Левона.« И им заповедаа на синовите Венијаминови, велејќи: »Одете и сокријте се во лозјата, и гледајте, кога ќе излезат силомските моми да играат оро, излезете од лозјата и грабнете си секој жена за себе од силомските моми, па одете си во земјата Венијаминова; а кога ќе дојдат татковците, или браќата нивни да се поплачат кај нас, ние ќе им речеме: ‚Простете ни за нив, бидејќи ние не зедовме за секого од нив жена во време на војната, и вие не им дадовте; сега вие сте виновни.‘« Така и направија синовите Венијаминови, и зедоа според бројот свој жени од оние, што беа во орото и кои ги одзедоа, па тргнаа и се вратија во делот свој, и изградија градови и заживееја во нив. Во исто време Израилците се разотидоа оттаму секој во родот свој и во племето свое, а оттаму отиде секој во делот свој. Во тие денови Израил немаше цар: секој го правеше она, што му се чинеше дека е право. Во она време, кога управуваа судиите, настана глад во земјата. И еден човек од Витлеем Јудејски отиде да живее во Моавските полиња, заедно со жена си и двајцата синови свои. Името на тој човек му беше Елимелех, името на жена му – Ноемина, а двајцата синови негови се викаа Малон и Хелеон: тие беа од Еуфрат, од Витлеем Јудејски. И дојдоа во Моавските полиња и останаа таму. Елимелех, мажот на Ноемина, умре, и таа остана со двајцата синови свои. Тие си зедоа за жени Моавки, – на едната името ѝ беше Орфа, а на другата – Рут; и живееја таму околу десет години. Но подоцна и обајцата синови нејзини, Малон и Хелеон, умреа, и остана таа жена без двајцата синови свои и без мажот свој. Тогаш таа се крена со снаите свои и се врати од Моавските полиња, бидејќи беше чула во Моавските полиња дека Бог го посетил Својот народ и му дал леб. И таа тргна од она место, каде што живееше, и двете снаи нејзини со неа. Кога одеа по патот, враќајќи се во Јудејската земја, Ноемин им рече на двете свои снаи: »Одете и вратете се секоја во татковата си куќа; Господ нека ви направи милост, според тоа како постапувавте со покојните и со мене! Нека ви даде Господ да најдете прибежиште секоја во куќата на својот маж!« И ги бакна. Но тие повикаа, и заплакаа, па ѝ рекоа: »Не, ние ќе се вратиме со тебе при твојот народ.« А Ноемин рече: »Вратете се, ќерки мои; зошто ќе доаѓате со мене? Зар уште имам во утробата своја синови, кои би ви станале мажи? Вратете се, ќерки мои, одете си, бидејќи сум веќе стара и не можам да се омажам; па и да речев: ‚уште имам надеж‘, и дури оваа ноќ да се омажам и подоцна да родам синови, ќе можете ли да чекате, додека да пораснат? Можете ли да се одржите да не се омажите? Не, ќерки мои, многу ми е жал за вас, зашто раката Господова ме порази.« Тие повикаа и пак заплакаа. И Орфа се прости со свекрвата своја и се врати при родот свој, а Рут остана со неа. Ноемина ѝ рече на Рут: »Ете, јатрвата ти се врати при родот свој и при боговите свои; врати се и ти по јатрвата своја.« Но Рут одговори: »Не ме принудувај да те оставам и да се одделам од тебе; но каде што ќе одиш ти, таму ќе дојдам и јас, и каде ќе живееш ти, таму ќе живем и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог – мој Бог; и каде што ќе умреш ти, таму и јас ќе умрам и ќе бидам погребана; Господ нека ми го направи тоа и нешто повеќе нека додаде; само смртта ќе ме раздели од тебе.« Ноемина, откако виде дека таа цврсто е решена да отиде со неа, престана да ѝ зборува. И одеа тие двете, додека стигнаа до Витлеем, целиот град се раздвижи поради нив, и рекоа: »Ова ли е Ноемина?« Таа им рече: »Не ме викајте Ноемина, викајте ме Мара, зашто Седржителот ми испрати голема горчевина. Јас излегов одовде заможна, а Господ ме врати со празни раце: зошто да ме викате Ноемин, кога Господ ме принуди да страдам, и Седржителот ми испрати несреќа?« И Ноемина се врати, а заедно со неа и снаата нејзина, Моавката Рут, кој дојде од Моавските полиња; тие пристигнаа во Витлеем, кога беше почнала јачменовата жетва. Ноемин имаше роднина по мажот, човек многу виден, од племето на Елимелех, по име Воз. И Моавката Рут ѝ рече на Ноемина: »Ќе тргнам по нивјата и ќе собирам класје по оној во чии очи ќе најдам наклоност (љубов).« Таа и одговори: »Оди ќерко.« Таа отиде и почна да бере на една нива класје по жетварите. И се покажа дека таа нива му припаѓа на Воз, којшто беше од племето Елимелехово. И ете, Воз дојде од Витлеем и им рече на жетварите: »Господ со вас.« Тие му одговорија: »Нека те благослови Господ!« И Воз го запраша слугата свој, надгледувачот на жетварите: »Чија е онаа млада жена?« Слугата, надзорникот над жетварите, одговори и рече: »Таа млада жена е Моавка, дошла со Ноемина од Моавските полиња; таа ни рече: ‚Оставете ме да берам и да собирам меѓу снопјата по жетварите‘; дојде и остана тука од утрината до сега; таа малку останува дома.« И Воз ѝ рече на Рут: »Слушај, ќерко моја, не оди да собираш на друга нива и не си оди оттука, туку остани со моите слугинки; гледај на која нива тие жнеат, и оди со нив; ете јас им заповедав на слугите свои да не ти пречат; кога ќе ожедниш, оди кај садовите и пиј, од каде што црпат слугите мои.« Таа падна ничкум, се поклони до земја и му рече: »Со што се здобив пред очите твои со милост, па ме примаш, иако сум туѓинка?« Воз ѝ одговори и ѝ рече: »Ми рекоа за сѐ што си направила за свекрвата своја по смртта на мажот твој, дека си оставила татко, мајка и татковина и си дошла меѓу народ кој не си го познавала до вчера и завчера; Господ нека ти возврати за твоето дело, и да добиеш полна награда од Господа, Бог Израилев, при Кого си дошла, за да се успокоиш под Неговите крилја!« Таа одговори: »Можеби ќе најдам милост пред очите твои, господару мој! Ти ме утеши и ѝ зборуваше од срцето на робинката своја, макар и да не вредам ни колку една слугинка твоја.« И ѝ рече Воз: »Кога ќе приближи времето за јадење, дојди тука и јади леб и топи го залакот свој во оцет.« И таа седна при жетварите. Тој ѝ даде леб; таа јадеше, се најаде, и уште ѝ остана. И стана да собира класје. Воз им заповеда на слугите и рече: »Нека собира и меѓу снопјата, и не ја навредувајте; дури и од снопјата потфрлувајте и оставајте; нека собира и немојте да ја прекорувате.« Така собираше таа на нивата до вечерта и го исчука собраното и тоа даде близу една ефа јачмен. Откако го зеде тоа, отиде во градот, и свекрва ѝ виде, колку беше собрала таа. И го извади Рут од пазувите свои и ѝ го даде она, што ѝ беше останало, откако се беше најала. И ѝ рече свекрвата: »Каде береше денес и каде работеше? Да биде благословен оној, што те примил!« Рут ѝ кажа на свекрвата своја, кај кого работела, и рече: »Човекот, кај кого денес работев, се вика Воз.« И ѝ рече Ноемин на снаата своја: »Нека е благословен од Господа, поради тоа што не ги лиши од милоста своја ниту живите, ниту умрените!« И ѝ рече Ноемин: »Тој човек ни е близок; тој е наш роднина.« Моавката Рут ѝ кажа на свекрвата своја: »Тој дури ми рече – остани при слугинките мои, додека да ја завршат жетвата моја.« И ѝ рече Ноемин на снаата Рут: »Добро е, ќерко, тоа што си одела со слугинките негови, и нема да те оскрбуваа на друга нива.« Така се приклучи таа кон Возовите слугинки и береше класје, додека заврши јачменовата жетва и пченичната жетва, и живееше при свекрвата своја. И ѝ рече Ноемина, свекрвата нејзина: »Ќерко, нели бива да живееш подобро! Ете, Воз, со чии слугинки беше ти, е наш роднина, оваа ноќ тој го вее јачменот на гумното; затоа изми се, намачкај се, промени се и оди на гумното, но не му се покажувај, додека заврши со јадењето и пиењето; а кога ќе легна да спие, дознај го местото, каде ќе легне; тогаш оди, откри го откај нозете негови и легни; тој ќе ти каже што да правиш.« Рут ѝ рече: »Ќе направам сѐ што ми кажа.« И отиде на гумното и направи сѐ онака, како што ѝ порача свекрвата нејзина. Воз се најаде и се напи, и го развесели срцето свое, и отиде, па легна да спие до стогот. И таа отиде полека, го откри од кај нозете негови и легна. На полноќ тој се тргна, се обѕрна, а тоа при нозете негови лежи жена. И ѝ рече Воз: »Која си ти?« Таа одговори: »Јас сум Рут, твоја робинка, рашири го крилото свое над својата робинка, зашто си ми роднина.« Воз ѝ рече: »Благословена да си од Господа, ќерко! Таа своја последна милост ти ја изврши подобро од првата, кога не отиде да бараш момци, бедни или богати; затоа не плаши се, ќерко! Јас ќе направам за тебе сѐ, што кажа ти; оти при секоја порта кај мојот народ знаат, дека ти се чесна жена; иако е точно, дека сум ти роднина, но има друг роднина, поблизок од мене; ноќевај таа ноќ; а утре, ако тој те земе, добро, нека те земе, ако, пак, не те земе, јас ќе те земам; жив е Господ! Спи до утре!« И преспа таа при нозете негови до утрината и стана, пред да можат да се распознаа еден со друг, зашто Воз рече да не се знае дека доаѓала жена на гумното. И ѝ рече: »Дај ја наметката што е на тебе, подржи ја.« Таа ја држеше, и тој ѝ измери шест мери јачмен, ја натовари и си отиде во градот. А Рут дојде кај свекрва ѝ. Таа ја запраша: »Што направи, ќерко?« Таа ѝ раскажа сѐ, што беше направил оној човек за неа. Таа рече: »Тој ми ги даде овие шест мери јачмен и ми рече: ‚Не оди со празни раце при свекрвата своја!‘« Таа ѝ рече: »Почекај, ќерко, додека да дознаеше, како ќе се сврши работата; зашто тој човек нема да се успокои, додека не ја сврши денес таа работа.« Воз излезе пред градските порти и таму седна. И ете, минува оној роднина, за кого говореше Воз. И му рече: »Наврати и седни тука!« Тој наврати и седна. Воз повика десетина од градските старешини и рече: »Седнете тука!« И тие седнаа. И Воз му рече на роднината: »Ноемин, која што се врати од моавските полиња, го продава делот од нивата, која му припаѓа на братот наш Елимелех; јас решив да ти јавам и да ти кажам: ‚Купи го пред седнативе тука и пред старешините на мојот народ ако сакаш да го откупиш, откупи го; ако, пак, не решиш да го откупиш, кажи ми, за да знам, зашто, освен тебе, нема кој да го откупи, а по тебе сум јас.‘« Тој одговори: »Јас ќе го откупам.« Воз рече: »Штом ја откупуваш нивата од Ноемин, треба да купиш и од Моавката Рут, жена на умрениот, и неа треба да ја земеш, за да го востановиш името на умрениот во наследството негово.« А оној роднина одговори: »Јас не можам да ја откупам, за да не си го растурам моето наследство; земја ја ти, зашто јас не можам да ја земам.« Порано кај Израилот, кога се откупуваше и разменуваше нешто, заради потврдување постоеше обичај: едниот ја собуваше обувката своја и му ја даваше на другиот, кој го примаше правото на родство, и тоа служеше како сведоштво кај Израилот. И оној роднина му рече на Воз: »Откупи го ти!« И ја собу обувката своја, и му ја даде. И Воз им кажа на старешините и на целиот народ: »Вие сте сега сведоци, дека јас го купувам од Ноемин сето Елимелехово и сето Хелеоново и Малоново наследство; исто така ја земам за жена и Моавката Рут, Малоновата жена, за да го востановам името на умрениот во делот негов, та да не исчезне името на умрениот меѓу браќата негови и племето негово; вие сте ми денес сведоци за тоа.« И сиот народ, што беше при градските порти, и старешините рекоа: »Ние сме сведоци. Нека даде Господ, жената, која влегува во куќата твоја, да биде како Рахил и Лија, кои и обете го издигнаа домот Израилев; збогатувај се во Еуфрат, и нека се слави името твое во Витлеем; и домот твој да биде како домот на Фареса, кого Тамар му го роди на Јуда од семето, кое Господ ќе ти го даде од таа млада жена.« И Воз ја зеде Рут, и таа му стана жена. И тој влезе при неа, и Господ ѝ даде, та зачна и роди син. И ѝ велеа жените на Ноемин: »Нека е благословен Господ, зашто не те остави денес без наследник! И нека биде славно името негово во Израилот. Тој ќе ти биде утеха и прехрана во старите денови твои, зашто е рожба на снаата твоја, која те сака и кој ти вреди повеќе од седум синови.« И Ноемин го зеде детето и го носеше во прегратките свои и му беше негователка. Сосетките му дадоа име, велејќи: »На Ноемин ѝ се роди син«, и го нарекоа Овид. Тој е татко на Јесеја, таткото Давидов. И еве го родот Фаресов: Фарес го роди Есрома; Есром го роди Арама; Арам го роди Аминадава; Аминадав го роди Наасона; Наасон го роди Салмона; Салмон го роди Воза; Воз го роди Овида; Овид го роди Јесеја; Јесеј го роди Давида. Имаше еден човек од Арматем-Сиф, од Ефремовата гора, името му беше Елкана, син Јеремилов, син Илиин, син на Такел, во Насив од Армател, од гората на Ефремовците; тој имаше две жени: едната се викаше Ана, а другата Фенана; Фенана имаше деца, Ана, пак, немаше деца. И во определени денови тој човек одеше од градот свој за да Му се поклони и да Му принесе жртва на Господ Саваот во Силом; таму беше Илиј и двајцата синови негови Офни и Финес, свештеници на Господа. А во денот, кога Елкана принесуваше жртва, ѝ даваше на жената своја Фенана и на сите нејзини синови и ќерки, по еден дар, а на Ана, пак, ѝ даваше посебен дар, зашто таа немаше деца, а и ја сакаше Ана повеќе од Фенана, иако Господ ѝ ја беше затворил утробата нејзина. Соперничката нејзина многу ја огорчуваше, па ја тераше да негодува, поради тоа што Господ ѝ ја беше затворил утробата нејзина. Така стануваше секоја година, кога Елкана одеше во домот Господов: онаа ја огорчуваше, а оваа плачеше и не јадеше. И ѝ рече Елкана, мажот нејзин: »Ано!« Таа му одговори: »Еве, ме господару.« И ѝ рече: »Зошто плачеш и зошто не јадеш, и поради што е нажалено срцето твое? Не чинам ли јас за тебе повеќе од десет синови?« Откако јадеа и пиеја во Силом, Ана стана и застана пред Господа. А свештеникот Илиј седеше тогаш на стол при влезот во храмот Господов. Таа тажеше во душата своја и Му се молеше на Господа и горко плачеше, па се заветува, велејќи: »Господи, семоќни Боже Саваоте! Ако погледнаш милостиво кон смиреноста на слугинката Твоја и се сетиш за мене, и не ја заборавиш слугинката Своја и ѝ дадеш на слугинката Своја дете од машки пол, јас ќе Му го дадам на Господа за сите денови на животот негов; и вино и сикер нема да пие и брич нема да се допре до главата негова.« Додека таа се молеше долго пред Господа, Илиј ја гледаше во устата; и бидејќи Ана говореше во срцето свое, а устата нејзина само се мрдаше, и гласот нејзин не се слушаше, Илиј помисли дека е пијана. И ѝ рече Илиј: »До кога ќе бидеш пијана? Истрезни се од виното свое и истави се од лицето Господово.« Ана одговори и рече: »Не, господару мој; јас сум жена, која душено страда; вино и сикер не сум пила, а ја изливам душата своја пред Господа; не ја сметај слугинката своја за лоша жена, зашто поради големата жалост и поради тагата своја јас говорев досега.« Илиј одговори и рече: »Оди си со мир, и Бог Израилев нека ја исполни молбата твоја, за која Го молеше.« А таа одговори: »Можеби слугинката твоја ќе најде милост во твоите очи.« И таа тргна по патот свој, и јадеше, и лицето нејзино веќе не беше тажно, како пред тоа. И утредента тие станаа, се поклонија пред Господа и се вратија, па отидоа во домот свој во Арматем. И Елкана ја позна Ана, жената своја, и Господ си спомна за неа. По извесно време Ана зачна, роди син и му даде има Самуил, бидејќи велеше таа од Господа Бога Саваота го измолив. И отиде мажот нејзин Елкана и целата челад негова во Силом, за да Му ја принесе годишната жртва на Господа и заветите свои и сите десетоци од земјата своја. Но Ана не отиде со него, велејќи му на мажот свој: »Кога младенчето ќе биде одбиено од градите и ќе порасне, тогаш ќе го одведам, и тој ќе се јави пред Господа и ќе остане таму засекогаш.« И ѝ рече Елкана, мажот нејзин: »Прави, она што ти е угодно; остани додека го одбиеш; само Господ да го утврди зборот што излегол од твојата уста.« И остана жена му и го хранеше синот, додека го исхрани. А кога го одби, отиде со него во Силом, земајќи со себе три телиња и лебови и една ефа брашно и мев со вино, па дојде во домот Господов во Силом, и момчето со нив; а момчето беше уште дете. И го доведоа детето пред лицето на Господа; и татко му принесе жртва, каква што Му принесуваше на Господа во определините дни. И го приведоа момчето и заклаа теле; и мајка му Ана го доведе момчето при Илија, и рече: »О, господару мој, да живее душата твоја, господару мој! Јас сум онаа жена, која стоеше тука при тебе и Му се молеше на Господа; за ова дете се молев, и Господ ја исполни молбата моја, за која Му се молев; и јас го предавам сега на Господа за сите денови на животот негов – нека Му служи на Господа.« И таа Му се поклони таму на Господа. И се молеше Ана и велеше: »Ми се зарадува срцето мое во Господа; се воздигна рогот мој преку мојот Бог; широко се отвори устата моја против моите непријатели, зашто се радувам поради спасението од Тебе. Никој не е така свет како Господ; зашто нема друг, освен Тебе; и нема тврдина како нашиот Бог. Не продолжувајте да говорите гордо; зборови охоли да не излегуваат од устата ваша; зашто Господ е Бог на знењето, и делата Негови се обмислени. Лакот на силните се прекршува, а слабите со сила се здобиваат; ситите работат за леб, а гладните почиваат; дури неплодната раѓа седумпати, а многудетната изнемоштува. Господ умртвува и оживува, кутнува наземи и крева; Господ го прави човекот сиромав и богат, го понижува и го воздига. Од прав го подига бедниот, од кал го крева сиромавиот, ставајќи го да седне со големците, и им го дава во наследство престолот на славата; зашто во Господа се основите на земјава, и Он врз нив ја утврди вселената. Ги услишува молитвите на молителот и ги благословува деновите на праведникот, зашто не преку сила човекот е јак. Господ ќе ги сотре оние што се препираат со Него; од небесата ќе згрми на нив. Господ е свет. Да не се фали мудриот со мудроста своја, да не се фали силниот со силата своја, да не се фали богатиот со богатството свое, туку секој, кој сака да се фали, нека се фали дека Го разбира и Го знае Господа. Господ ќе ги суди краиштата на земјата, ќе му даде сила на Својот цар и ќе го воздигне рогот на помазаникот Свој.« И го оставија таму Самуила пред Господа. Елкана замина за Арматем во својот дом, а момчето остана да Му служи на Господа при свештеникот Илија. А синовите на Илија беа лоши луѓе; тие не Го познаваа Господа и долгот на свештеникот кон народот. Кога некој принесуваше жртва, слугата на свештеникот доаѓаше со виљушката во раката, додека се вареше месото, и ја спушташе во котелот, или во котлето, или во тавата, или во грнето, и што ќе извади виљушката, тоа го земаше за себе свештеникот. Така постапуваа тие со сите Израилци, што доаѓаа таму во Силом. Дури и пред да изгори лојот, слугата на свешетеникот доаѓаше и му велеше на оној, што принесуваше жртва: »Дај месо за печење на свештеникот; тој нема да земе од тебе варено месо, ами дај сурово.« И ако некој му речеше: »Прво нека изгори лојот, како што е редот, и после земи си, колку што ти сака душата«, тој ќе речеше: »Не, дај сега, ако не, насила ќе земам.« И гревот на тие младичи беше многу голем пред Господа, зашто тие земаа од жртвопринесувањата на Господа. А момчето Самуил служеше пред Господа, облекувајќи ефод од висон. Горната облека негова му ја правеше мајка му и му ја донесуваше секоја година, кога доаѓаше со мажот свој, за да принесе годишна жртва. Илиј го благослови Елкана и жена му и рече: »Да ти даде Господ деца од оваа жена како замена за она, кое ти Му го подари на Господа!« И заминаа во своето место. И ја посети Господ Ана, и таа зачна и роди уште три сина и две ќерки; а момчето Самуил растеше при Господа. Илиј, пак, беше многу стар и слушаше сѐ, што правеа синовите негови со сите Израилци, и дека тие спијат со жените, кои се собираа при влезот во скинијата на сведоштвото. И им рече: »Зошто правите такви работи, зашто слушам лоши зборови за вас од сиот народ (Господов). Не, деца мои, не се добри гласовите што ги слушам за вас; немојте да правите така, бидејќи не се добри гласовите, што ги слушам; вие го развратувате народот Господов; ако човек згреши против човек, ќе се помолат на Бога за него; но ако човек згреши против Господа, кој ќе биде тој што ќе моли за него?« Но тие не го послушаа гласот на таткото свој, бидејќи Господ веќе беше решил да ги осуди на смрт. А момчето Самуил сѐ повеќе и повеќе растеше и напредуваше во наклоност пред Господа и пред луѓето. И дојде еден Божји човек при Илија и му рече: »Вака вели Господ: ‚Нели се открив во татковиот ти дом, кога тие уште беа во Египет, во домот на Фараонот? И меѓу сите племиња Израилеви нели го избрав него за свештеник, за да пристапува пред Мојот жртвеник, да кади тамјан, да носи ефод пред Мене? Нели му ги дадов Јас на татковиот ти дом сите жртви сепаленици од синовите Израилеви? А вие зошто ги газите со нозе жртвите Мои и лебните приноси Мои, кои заповедав да се принесуваат пред Мене, и зошто ги претпочиташ синовите свои повеќе од Мене, гоејќи се од првините на сите приноси од Мојот народ Израилот?‘ Затоа Господ Бог Израилев вели вака: ‚Јас бев рекол тогаш – домот твој и домот на татко ти ќе одат пред лицето Мое за секогаш; но сега Господ вели – да не биде така, зашто Јас ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат, а оние, што Ме обеславуваат, ќе бидат посрамени. Ете, настапуваат дни, во кои ќе ја пресечам мишката твоја и мишката на татковиот ти дом, така што никогаш да нема старец во домот твој; и ти ќе ја видиш несреќата во домот Мој, при сѐ што Господ му прави добрини на Израилот, и во сите денови нема да има старец во домот твој. Јас нема да ги отстранам сите твои од жртеникот Свој, та да ги изнемошувам очите твои и да ти ја измачувам душата твоја; но целото потомство на домот твој ќе умира на средна возраст. И еве ти знак, што ќе стане со двајцата синови твои Офни и Финес: и обајцата ќе умрат во еден ден. И ќе Си поставам верен свештеник; тој ќе постапува по срцето Мое и според душата Моја; и неговиот дом ќе го направам цврст, и тој ќе оди пред Мојот помазаник во сите денови; и секој, што ќе остане од домот твој, ќе дојде да му се клања за сребрена пара и парче леб и ќе рече: »Запиши ме за некоја левитска должност, за да имам прехрана.«‘« Момчето Самуил Му служеше на Господа при Илиј; словото Господово беше ретко во тие денови и немаше виденија. И се случи во она време, кога Илиј лежеше на местото свое, – очите негови беа почнале да се премрежуваат, и тој не можеше да гледа, – и светилникот Божји уште не беше угаснал, а Самуил лежеше во храмот Господов, каде што беше ковчегот Божји; Господ повика кон Самуила: »Самуиле! Самуиле!« Тој одговори: »Еве ме!« И притрча при Илиј и рече: »Еве ме! Ти ме викаше.« Но тој одговори: »Јас не сум те викал; оди легни си!« И тој отиде и си легна. Но Господ повика по вторпат кон Самуила: »Самуиле, Самуиле!« Тој стана и пак отиде кај Илиј и рече: »Еве ме! Ти ме повика?« Но тој рече: »Јас не сум те викал, синко; оди легни си!« Самуил уште не го познаваше тогаш гласот на Господа, уште не му се беше открило словото Господово. Викна Господ кон Самуила и третпат. Тој стана и отиде при Илиј и рече: »Еве ме! Ти ме повика?« Тогаш Илиј разбра, дека Господ го вика момчето. И му рече Илиј на Самуила: »Оди легни си, и кога Оној што вика, ќе те повика, ти кажи: ‚Говори, Господи, бидејќи Твојот слуга слуша.‘« И отиде Самуил и легна на местото свое. И Господ дојде, застана и викна, како првиот и вториот пат: »Самуиле! Самуиле!« И Самуил рече: »Говори Господи, бидејќи Твојот слуга слуша.« И му рече Господ на Самуила: »Еве, што ќе извршам во Израилот, за кое, кој ќе чуе, ќе му писнат и двете уши. Во тој ден Јас ќе го исполнам над Илиј сѐ она што сум зборувал за домот негов; Јас ќе почнам и ќе завршам. Јас му јавив дека ќе го казнам домот негов засекогаш заради онаа вина, која тој ја знаеше, бидејќи синовите негови бесчествуваа, и тој не ги запираше. И поради тоа се колнам пред домот на Илиј, дека вината на Илиниот дом нема да се избрише довека ниту со жртви, ниту со лебни приноси.« Самуил спиеше до утрината, (и стана рано) и ја отвори вратата на домот Господов; Самуил се плашеше да му соопшти на Илиј за тоа видение. Но Илиј го повика Самуила и рече: »Синко Самуиле!« Тој одговори: »Еве ме!« И рече Илиј: »Што ти беше речено? Не криј од мене; тоа и тоа нека ти направи Господ тебе, и уште повеќе нека направи, ако сокриеш од мене од сѐ што ти беше кажано.« И Самуил му соопшти сѐ и не сокри од него ништо. Тогаш Илиј рече: »Он е Господ; што Му е угодно, тоа и нека направи.« Самуил порасна, и Господ беше со него; и не остана ни еден Негов збор неисполнет. И сиот Израил од Дан дури до Вирсавија дозна дека Самуил е удостоен да биде пророк Господов. И Господ продолжуваше да се јавува во Силом, откако му се беше открил на Самуила во Силом преку словото Господово. И во сиот Израил, од крај до крај на земјата, се уверија дека Самуил, е пророк Господов. Илиј, пак, остаре многу, а синовите негови продолжуваа да одат по лукав пат пред Господа. Филистејците се собраа да војуваат против Израилот. И словото Самуилово беше свртено кон сиот Израил. И излегоа во војна Израилците против Филистејците и се улогорија при Авен-Езер, а Филистејците се сместија при Афек. И Филистејците се наредија за борба против Израилците; почна борбата, и Филистејците ги разбија Израилците, и загинаа од нив на бојното поле до четири илјади души. Тогаш народот дојде во логорот; и старешините Израилеви рекоа: »Зошто Господ нѐ порази денес пред Филистејците. Да си го земеме од Силом ковчегот на заветот Господов, и тој ќе оди среде нас и ќе нѐ спаси од раката на непријателите наши.« И народот испрати во Силом, па го донесоа оттаму ковчегот на заветот на Господа Саваот, Кој седи на Херувими; а при ковчегот на заветот Божји беа двајцата синови на Илиј – Офни и Финес. И кога пристигна во логорот ковчегот на заветот Господов, сиот Израил крена толку силен вик, што земјата трепереше. И Филистејците ги слушнаа радосните извици и рекоа: »Зошто ли се тие радосни извици во логорот на Евреите?« И дознаа, дека во логорот пристигнал ковчегот Господов. И се уплашија Филистејците, бидејќи рекоа: »Бог дошол при нив во логорот.« И рекоа: »Тешко нам, зашто такво нешто не се случило ни вчера ни завчера; тешко нам! Кој ќе нѐ спаси од раката на Оној силен Бог? Тоа е Оној Бог, што ги порази Египтјаните со секакви поразии во пустињата. Стегнете се, о Филистејци, и бидете храбри, за да не станете робови на Евреите, како што се тие во ропство под вас; бидете јунаци и удрете на нив!« И Филистејците удрија, и Израилците беа разбиени, и секој избега во шаторот свој; поразот беше многу голем; од Израилците паднаа триесет илјади пешаци. Ковчегот Божји беше земен, и обајцата Илиини синови, Офни и Финес, загинаа. А еден од Венијаминовите побегна од местото на битката и дојде во Силом истиот ден; облеката му беше испокината и главата во прав. Кога тој пристигна, Илиј седеше на стол при патната врата и гледаше, бидејќи срцето му трепереше за ковчегот Божји. И кога тој човек пристигна и јави во градот, целиот град високо повика. Илиј го чу плачењето и рече: »Каква врева е тоа?« И човекот веднаш се приближи и му соопшти на Илиј. Илиј тогаш беше на деведесет и осум години; и очите му се беа помрачиле, и тој не можеше да гледа. И човекот му рече на Илиј: »Јас дојдов од логорот, денес избегав од местото на битката.« И рече Илиј: »Што стана, синко?« И известителот одговори и рече: »Израил избега пред Филистејците, голем пораз стана во народот, и двајцата твои синови, Офни и Финес, загинаа, и ковчегот Божји беше запленет.« Кога тој спомна за ковчегот Божји, Илиј падна од столот при вратата нагрб, си го скрши грбникот и умре; бидејќи тој беше стар и тежок. Тој беше судија на Израилот четириесет години. Снаата негова, Финесовата жена, беше бремена веќе навременила. Кога го чу известувањето дека ковчегот Божји е запленет и дека свекорот нејзин и мажот нејзин умреле, се свитка на колена и роди, бидејќи ѝ дојдоа болките. И кога таа умираше, жените околу неа н говореа: »Не плаши се, ти роди син.« Но таа не одговараше и не обрнуваше внимание. И го нарече младенчето Ихавод, велејќи: »Си отиде славата од Израилот« – со запленувањето на ковчегот Божји, а и со смртта на свекорот нејзин и мажот нејзин. Таа затоа рече: »Отиде славата од Израилот, бидејќи ковчегот Божји е запленет.« А Филистејците го зедоа ковчегот Божји и го пренесоа од Авен-Езер во Азот. Го зедоа Филистејците ковчегот Божји, го внесоа во Дагоновиот храм и го поставија до Дагона. На другиот ден, откако станаа Азотците рано, ете, Дагон лежи ничкум на земја пред ковчегот Господов. И го зедоа Дагона и го поставија пак на местото негово. На следниот ден, откако станаа утрината, ете, Дагон пак лежи ничкум на земја пред ковчегот Господов; главата на Дагона, обете стапала на нозете и обете дланки на рацете негови беа пресечени, секоја одделно, и лежеа на прагот; само трупот на Дагона беше останал. Поради тоа жреците Дагонови и сите други, кои доаѓаа во домот на Дагона во Азот, не стапнуваат на прагот Дагонов до ден денешен. И раката Господова се протегна врз Азотците, и Бог го порази и ги казни со лоши пликови во Азот и околните места негови, а во земјата се накотија глувци, и во градот имаше голем смут. Откако го видоа тоа Азотците, рекоа: »Да не остане ковчегот на Бога Изрилев кај нас, зашто тешка Му е раката и за нас и за нашиот бог Дагон.« И испратија, та ги собраа при себе сите филистејски кнезови и рекоа: »Што да правиме со ковчегот на Бога Израилев?« А тие рекоа: »Нека се пренесе ковчегот на Бога Израилев во Гет.« И го испратија ковчегот на Бога Израилев во Гет. Откако го пренесоа, раката Господова дојде врз градот и направи ужас мошне голем, и ги порази Господ градските жители од мал до голем, и се појавија на нив израстоци. Затоа тие го испратија ковчегот Божји во Аскалон. И кога ковчегот Божји дојде во Аскалон, Аскалонците извикаа и рекоа: »Го донесоа при нас ковчегот на Бога Израилев, за да ни помори нас и народот наш.« И испратија, та ги собраа сите филистејски кнезови и рекоа: »Испратете го ковчегот на Бога Израилев; нека се врати на местото свое, за да не нѐ помори нас и народот наш.« Зашто се појави смртен страв: по целиот град раката Божја силно се протегна врз нив, откако ковчегот на Бога Израилев дојде тука. И оние, што не умреа, беа поразени со пликови, така што пискотот од градот се издигаше до небото. А ковчегот Господов остана во областа Филистејска седум месеци, и се наполни таа земја со глувци. И Филистејците повикаа жреци вражачи, па рекоа: »Што да правиме со ковчегот Господов? Поучете нѐ, како да го испратиме до местото негово?« Тие, пак, рекоа: »Ако сакате да го испратите ковчегот на заветот на Господа Бога Израилев, не испраќајте го без ништо, туку принесете Му жртва за вина; тогаш ќе се излекувате и ќе дознаете, поради што не отстапува од вас раката Негова.« И тие запрашаа: »Каква жртва за вина треба да Му принесеме?« Тие одговорија: »Според бројот на филистејските кнезови – пет златни пликови и пет златни глувци; зашто еднаков е поразот врз сите нас и врз кнезовите ваши; и така, направете извајани подобија (слични) на вашите пликови и извајани подобија на вашите глувци, што ја опустошија земјата, и воздајте Му слава да Бога Израилев; можеби Он ќе ја направи и полесна раката Своја над вас, над боговите ваши и над земјата ваша; и зошто да го ожесточувате срцето свое, како што го ожесточија срцето свое Египтјаните и Фараонот? Ете, кога Господ ја покажа силата Своја над нив, тие ги пуштија и тие тргнаа. Па така, земете, направете една нова кола и земете две крави доилки на кои јарем уште не е ставен, и впрегнете ги кравите во колата, и телињата нивни одведете ги од нив дома; и земете го ковчегот Господов и ставете го на колата, а златните работи, што ќе Му ги принесете како жртва за вина, ставете ги во ковчеже отстрана; пуштете го и нека оди; Но гледајте, ако тргне кон пределите свои, кон Ветсамис, тој ни го направил тоа големо зло; ако пак не, ќе знаеме, дека не раката Негова нѐ поразила, туку тоа станало со нас случајно.« Така и направија: зедоа две крави доилки, ги впрегнаа во кола; а телињата нивни ги задржаа дома; и го ставија на колата ковчегот Господов, ковчежето со златните глувци и извајаните пликови. И тргнаа кравите право по патот кон Ветсамис: одеа сѐ по еден пат, одеа и мукаа, но не скршнуваа ни десно, ни лево; а филистејските кнезови одеа по нив до пределите на Ветсамис. Ветсамиските жители токму го жнееја житото во долината и, откако погледнаа, го видоа ковчегот Господов и се зарадуваа, поради тоа што го видоа. А колата дојде во нивата на Ветсамиецот Исус и таму се застана; имаше таму еден голем камен, и исцепија дрва од колата, а кравите ги принесоа на Господа како жртва. Левитите го симнаа ковчегот Господов и ковчежето, што беше до него, во кое се наоѓаа златните работи, и ги ставија на големиот камен; а ветсамитските жители принесоа тој ден жртви сепаленици и жртви за благодарност на Господа. И петте филистејски кнезови го видоа тоа и се вратија истиот ден во Акарон. Златните пликови што Филистејците Му ги принесоа на Господа како жртва за вина, беа: еден за Азот, еден за Газа, еден за Аскалон, еден за Гет, еден за Акарон; а златните глувци беа според бројот на сите филистејски градови – на петте кнезови, од укрепените градови и отворените села до големиот камен, врз кого го ставија ковчегот Господов и кој и до ден денес се наоѓа во нивата на Ветсамиецот Исус. Меѓу ветсамиските жители не се зарадуваа синовите Јехониеви, иако го видоа ковчегот Господов. И Бог уби од нив педесет илјади и седумдесет души. И народот заплака, бидејќи Господ го порази со голема погибел. И ветсамиските жители рекоа: »Кој може да стои пред Господа, пред Овој свет Бог и при кого од нас ќе отиде Он?« И испратија пратеници при жителите на Киријат-Јарим да кажат: »Филистејците го вратија ковчегот Господов; дојдете и земете го при вас!« Жителите на Киријат-Јарим дојдоа, го зедоа ковчегот на заветот Господов и го однесоа во куќата на Аминадава, на ридот, а синот негов Елеазар го посветија да го чува ковчегот на заветот Господов. Од оној ден, кога ковчегот остана во Киријат-Јарим, измина многу време-дваесет години. И сиот Израилев дом се обрна кон Господа. И му рече Самуил на сиот Израилев дом, велејќи: »Ако од сѐ срце се обрнувате кон Господа, отстранете ги од средината своја туѓите богови и боговите од горичките, расположете го срцето свое кон Господа и Нему единствено служете Му, и Он ќе ви избави од филистејските раце.« И Израилевите синови ги отстранија разните Вааловци и Астарти и почнаа да му служат само на Господа. И рече Самуил: »Соберете ги сите Израилци во Масифа, и јас ќе Му се помолам на Господа за вас.« И се собраа во Масифа, и црпеа вода – ја истураа пред Господа, и постеа тој ден, велејќи: »згрешивме пред Господа.« А Самуил им судеше на синовите Израилеви во Масифа. Кога Филистејците чуја дека синовите Израилеви се собрале во Масифа, кнезовите нивни излегоа против Израилот; Израилците откако го слушнаа тоа, се уплашија од Филистејците. Тогаш Израилевите синови му рекоа на Самуила: »Не престанувај да го молиш Господа, нашиот Бог за нас, та некако да нѐ спаси од филистејските раце.« А Самуил рече: »Не може да биде, јас да отстапам од Господа, мојот Бог, и да не се молам за вас во молитвата своја!« И Самуил зеде едно јагне цицалче и го принесе заедно со сиот народ како жртва сепаленица на Господа; повика Самуил кон Господа за Израилот и Господ го чу. И кога Самуил ја принесуваше сепаленицата, Филистејците дојдоа да се бијат против Изрилот. Но тој ден Господ загрме со силен татнеж над Филистејците и испрати против нив силен ужас, и тие се збркаа и беа поразени пред Израилот. Израилците излегоа од Масифа, ги гонеа Филистејците и ги разбиваа до под Ветхор. И Самуил зеде еден камен и го стави меѓу Масифа и Сен, и го нарече Авен-Зер, што значи довде ни помогна Господ. Така беа смирени Филистејците и не доаѓаа веќе во пределите Израилеви; и раката Господова беше врз Филистејците преку сите денови на Самуила. А му беа вратени на Израилот градовите, што Филистејците ги беа презеле од Израилот, од Акарон дури до Гет, и Израил ги ослободи пределите нивни од филистејски раце, и настана мир меѓу Израилот и Аморејците. И Самуил беше судија над Израила преку сите денови на својот живот; и секоја година одеше и го обиколуваше Ветил, Галгал, и Масифа и му судеше на Израилот по сите тие места; потоа се враќаше во Арматем, бидејќи таму беше куќата негова, таму живееше и таму му судеше на Израилот, а таму изгради и жртвеник на Господа. А кога Самуил остаре, ги постави своите синови за судии над Израилот. Името на поголемиот син негов беше Јоил, а името на вториот син негов – Авија; тие беа судии во Вирсавија. Но синовите негови не одеа по неговите патишта, туку се впуштија во користољубие – земаа подароци и судеа криво. Тогаш се собраа сите старешини Израилеви, дојдоа при Самуила во Арматем и му рекоа: »Ете, ти остаре, а синовите твои не одат по патиштата твои. Затоа постави ни цар, кој ќе ни суди, како што е кај другите народи.« Овие зборови не му беа пријатни на Самуила, кога рекоа: »дај ни цар, кој ќе ни суди.« И Самуил Му се помоли на Господа. А Господ му рече на Самуила: »Чуј го народниот глас во сѐ, што ти говорат; зашто тие не те отфрлија тебе, туку Ме отфрлија Мене, за да не царувам над нив; како што постапуваа од оној ден до денес, кога ги изведов од Египет, откако Ме оставија и им служеа на други богови, така постапуваат и со тебе; затоа, послушај го гласот нивни; само изложи им ги и објави им ги правата на царот, што ќе царува над нив.« И Самуил им ги соопшти сите тие зборови Господови на народот, кој бараше од него цар, и рече: »Еве, какви ќе бидат правата на царот, што ќе царува над вас: тој ќе ги зема синовите ваши и ќе ги прави свои колари и свои коњаници и тие ќе одат пред колите негови; и ќе ги постави да му бидат илјадници и педесетници, да му ги обработуваат нивите, да го жнеат житото и да му прават војничко оружје и сѐ што е потребно за колите негови; ќе ги зема ќерките ваши за да прават миризливи масла, да готват јадења и да печат леб; ќе ви ги зема најдобрите ваши ниви, лозја и маслинови градини и ќе им ги дава на слугите свои; ќе зема десеток од посевите ваши и од лозјата ваши и ќе им го дава на евнусите свои и на слугите свои; ќе ги зема робовите ваши и робинките ваши, најдобрите момци ваши и ослите ваши и ќе ги употребува за своја работа; ќе зама десеток од вашиот ситен добиток, а вие сами ќе му бидете робови; тогаш ќе заофкате од царот свој, што сте го избрале, и Господ нема да ви одговори тогаш.« Но народот не сакаше да го послуша гласот на Самуила и рече: »Не, нека има цар над нас, и ние ќе бидеме како другите народи – ќе ни суди нашиот цар и ќе оди пред нас, и ќе ги води нашите војни.« И Самуил, откако ги ислуша сите тие зборови на народот, Му ги кажа на Господа. И Господ му рече на Самуила: »Послушај го гласот нивни и постави им цар.« И Самуил им рече на Израилците: »Одете секој во својот град!« Имаше еден виден човек од Венијаминовите синови, по име Кис, син Авилов, син Јаредов, син на Вахиров, син Афеков, син на некојси Венијаминец. Тој имаше син, по име Саул, млад и убав; и никој од Израилците не беше поубав од него; а и за глава тој беше повисок од сиот народ. И на Сауловиот татко Кис му се загубија ослиците, па му рече Кис на синот свој Саула: »Земи со себе еден од слугите и стани, та оди и побарај ги ослиците.« И тој ја мина Ефремовата гора, ја минаа и земјата Селха, но не ги најдоа; ја минаа и земјата Сегалимска, и таму ги немаше; потоа ја минаа и Венијаминовата земја, но не ги најдоа. А кога дојдоа во земјата Сифова, Саул му рече на слугата свој, што беше со него: »Да се вратиме, за да не почне татко, заборавајќи ги ослиците, да се беспокои поради нас.« Но слугата му рече: »Еве, во овој град има еден човек Божји, човек почитуван; сѐ што тој ќе каже, се збиднува. Да отидеме сега таму; можеби, ќе ни го покаже нашиот пат, по кој да одиме.« И му рече Саул на слугата свој: »Добро, да одиме, но што ќе му однесеме на тој човек? Зошто леб не остана во торбите наши, а и подароци нема, за да му однесеме на човекот Божји. Што имаме?« Слугата, пак, му одговори на Саула и рече: »Ете, во раката моја има четврт сикла сребро; ќе му ја дадам на човекот Божји, и тој ќе ни го покаже патот наш.« Порано кај Израилот, кога некој одел да Го праша Бога, велел вака: »да одиме кај јасновидецот.« Зашто тој, кого денес го нарекуваат пророк, порано се викал јасновидец. И му рече Саул на слугата свој: »Добро велиш; да одиме!« И отидоа во градот, каде што беше човекот Божји. Кога влегуваа во градот, сретнаа девојки, кои беа излегле да си наполнат вода, и ги запрашаа: »Има ли тука јасновидец?« Тие им одговорија и рекоа: »Име; ете, тој е пред вас; само побрзајте; тој денес дојде во градот, бидејќи народот денес принесува жртва на ридот; кога ќе дојдете во градот, ќе го затечете, пред да се искачи на ридон за да руча; зашто народот нема да почна да јаде, додека тој не дојде; бидејќи тој ќе ја благослови жртвата, и потоа поканетите ќе почнат да јадат; и така, одете, токму сега ќе го затечете.« И отидоа во градот. А кога дојдоа среде град, ете, и Самуил им излегува во пресрет, за да отиде на ридот. А ден пред Сауловото доаѓање, Господ му откри на Самуила и рече: »Утре во ова време ќе ти испратам еден човек од Венијаминовата земја, и то помажи го за цар на Мојот народ, Израилот; тој ќе го спаси народот Мој од филистејските раце; зашто Јас погледнав милостивно на Мојот народ, бидејќи повикот негов стигна до Мене.« Кога Самуил го виде Саула, Господ му рече: »Ете го човекот, за кого ти говорев; тој ќе царува над Мојот народ.« Саул се приближи до Самуила при вратата и го запраша: »Кажи ми, каде е куќата на јасновидецот?« Самуил му одговори на Саула и рече: »Јас сум јасновидецот, оди пред мене на ридон; и вие ќе ручате денес со мене; јас ќе те пуштам изутрина, и ќе ти кажам сѐ, што имаш на срцето; а за ослиците, што се загубија пред три дена, не се грижи, тие се најдени. Та за кого е сѐ она, што е најсакано кај Израилот? Нели е за тебе и за целиот твој татков дом?« Саул одговори и рече: »Не сум ли јас син од Венијаминовото колено, едно од најмалите Израилеви колена? И домот мој не ли е најмал меѓу домовите од Венијаминовото колено? Тогаш, зошто ми го говориш тоа?« Самуил го зеде Саула и слугата негов, ги воведе во собата, и им даде прво место меѓу поканетите, кои беа триесетина души. И му рече Самуил на готвачот: »Донеси го оној дел, што ти го бев дал и за кој ти бев рекол: ‚зачувај го кај себеси.‘« И готвачот ја зеде плешката и сѐ, што беше на неа, и го стави тоа пред Саула. И рече Самуил: »Ете, тоа е принесено, стави го пред себе и јади, бидејќи тоа е зачувано заради тебе кога го свикав народот.« И тој ден Саул ручаше со Самуила. Потоа тие слегоа од ридот во градот, и Самуил разговараше со Саула на покривот, а и послаа за Саула на покривот и тој спиеше. Утрината тие станаа токму кога зазори зората, Самуил го повика Саула на покривот и рече: »Стани, јас ќе те испратам.« Саул стана, и обајцата, тој и Самуил, излегоа од куќата. Кога наближуваа кон крајот на градот, Самуил му рече на Саула: »Кажи му на слугата да оди пред нас,« – и тој отиде напред, – »а ти сега застани, и јас ќе ти откријам, што рече Бог.« И зеде Самуил сад со елеј, го излеа врз главата негова, го бакна и рече: »Еве, Господ те помаза за цар на Своето наследство во Израилот и ти ќе царуваш над народот Господов и ќе ги избавиш од рацете на околните непријатели нивни, и ете ти знак, дека Господ те помазал за цар на Своето наследство. И, кога ќе тргнеш сега од мене, ќе сретнеш двајца луѓе близу до Рахилиниот гроб, во Венијаминовите предели, во Силом, во Вакалат и тие со радост ќе ти кажат: ‚Се најдоа ослиците, што одеше да ги бараш, и ете, татко ти, заборавајќи ги ослиците, се обеспокои за вас, велејќи: »Што стана со синот мој?«‘ Откако ќе отидеш понатаму и ќе дојдеш при Таворската дубрава, и таму ќе те сретнат тројца луѓе, кои одат кај Бога во Ветил: едниот носи три јариња, другиот носи три леба, а третиот носи мев со вино. И тие ќе те поздрават и ќе ти ги дадат двата леба, и ти ќе ги земеш од рацете нивни. Потоа ќе дојдеш на Божјиот рид, каде што е филистејската страна, таму се филистејските началници; и кога ќе влезеш таму во градот, ќе сретнеш група пророци, кои слегуваат од ридот, и пред нив псалтир и тимпани, свирки и гусли, и ќе пророкуваат; и Духот Господов ќе слезе врз тебе, и ти ќе пророкуваш заедно со нив и ќе станеш друг човек. Кога тој знак ќе се случи со тебе, тогаш прави она што може раката твоја, зашто со тебе е Бог. Оди пред мене во Галгал, каде што и јас ќе дојдам при тебе, за да принесам жртва сепаленица и жртви за благодарност. Седум дена чекај, додека да дојдам кај тебе, и тогаш ќе ти кажам што да правиш.« И штом Саул се сврте, за да си оди од Самуила, Бог му даде друго срце, и сите оние знаци се збиднаа во истиот ден. Кога дојде до ридот, ете кај ги сретнува група пророци, и Духот Божји слезе врз него, и тој пророкуваше меѓу нив. Сите, што го познаваа вчера и завчера, откако видоа, дека тој пророкува со пророците, си велеа еден на друг: »Што се случило со Кисовиот син? Зар и Саул е меѓу пророците?« И еден од оние, што беа таму, одговори и рече: »Па кој е нивниот татко?« Затоа излезе поговорка: »Зар и Саул е меѓу пророците?« И тој престана да пророкува и отиде на ридот. А Сауловиот чичко го праша него и слугата негов: »Каде одевте?« Тој одговори: »Па ги баравме ослиците, но, откако видовме, дека ги нема, навративме кај Самуила.« И Сауловиот чичко рече: »Раскажи ми, што ви рече Самуил.« И Саул му кажа на чичка си: »Тој ни јави, дека ослиците се најдени.« А она, што Самуил му го кажа за царството, не му го кажа. И Самуил го свика народот при Господа во Масифа, и им рече на синовите Израилеви: »Така говореше Господ, Бог Израилев: ‚Јас го изведов Израилот од Египет и ве спасив од рацете на Египтјаните, од рацете на сите царства, што ве притискаа.‘ А вие сега го отфрливте вашиот Бог, Кој ве спаси од сите ваши маки и таги, и Му рековте: – постави ни цар. И така, застанавте сега пред Гсопода според знамињата ваши и племињата свои и според илјадниците свои!« И заповеда Самуил да минуваат сите племиња Израилеви, и со жреб беше посочено Венијаминовото племе. И му заповеда на Венијаминовото племе да минува според домовите нивни, и беше посочено Матриевото племе; и го доведуваа Матриевото племе според мажите, и беше посочен Саул, Кисовиот син; и го бараа, но не го најдоа. И пак го запрашаа Господа: »Ќе дојде ли тој човек тука?« И Господ одговори: »Ете, тој се крие во покривките.« Го најдоа таму и го изведоа оттаму; тој застана среде народот: а од рамениците свои угоре беше повисок од сите. И Самуил му рече на сиот народ: »Гледате ли, кого го избра Господ? Како него нема меѓу сиот народ.« Тогаш сиот народ извика и рече: »Нека живее царот!« И Самуил му ги изложи на народот правата на царството (царувањето), ги напиша во книга, и ја стави пред Господа. И го распушти сиот народ, секој во домот свој. Исто така и Саул си отиде дома, во Гава; а со него отидоа и храбрите, до чие срце се беше допрел Бог. А лошите луѓе рекоа: »Та тој ли ќе нѐ спаси?« И го презреа и не му принесоа дарови. И по месец време дојде Амонитеецот Наас и го опколи Јавис Галадски. И сите јависки жители му рекоа на Наас: »Склучи со нас сојуз, и ние ќе ти служиме!« На Амонитеецот Наас им рече: »Ќе склучам сојуз со вас, но под услов, на секого од вас да му го извадам десното око и со тоа да нанесам срам врз целиот Израил.« Јависките старешини му рекоа: »Дај ни рок од седум дена, да испратиме пратеници по сите израилски предели, и, ако никој не ни помогне, ќе ти се предадеме.« И пратениците дојдоа во Гава Саулова и му ги раскажаа на народот гласно тие зборови; и сиот народ извика и заплака. А ете, Саул доаѓаше од нива по воловите свои и рече: »Што станало со народот, та плаче?« И му ги кажаа зборовите на Јависките жители. И слезе Духот Божји врз Саула, откако ги чу тие зборови, и силно се разгневи; па зеде два вола, ги исече на парчиња и ги испрати по сите израилски предели преку тие пратеници, објавувајќи, дека така ќе биде постапено со воловите на секого, што нема да тргне по Саула и Самуила. И страв Господов падна врз народот, и тргнаа сите како еден човек. Саул ги преброи во Везек, и се најдоа синовите Израилеви шестотини илјади и мажи Јудини – седумдесет илјади. И им рече на дојдените пратеници: »Вака кажете им на жителите на Јавис Галадски: утре ќе имате помош штом ќе припече сонцето.« И пратениците отидоа и им јавија на јависките жители, и тие се зарадуваа. И Јависките жители му рекоа на Наас: »Утре ќе ви се предадеме, и правете со нас што сакате.« На следниот ден Саул го раздели народот во три групи, и тие се провлекоа среде логорот по утринската стража и до дневниот припек ги поразија Амонитците; другите Амонитци се распрснаа така, што од нив не останаа ни двајца заедно. Тогаш народот му рече на Самуила: »Кои беа тие што рекоа – Та Саул ли ќе царува над нас? – Дајте ги тие луѓе, и ние ќе ги убиеме.« Но Саул рече: »Денес не треба никој да се убие, зашто денес Господ изврши спасение во Израилот.« И Самуил му рече на народот: »Да одиме во Галгал и таму да го обновиме царството.« И сиот народ отиде во Галгал и го поставија таму Саула за цар пред Господа, во Галгал, и принесоа таму благодарствени жртви пред Господа. И се провеселија таму многу, Саул и сите Израилци. И Самуил му рече на сиот Израил: »Ете, јас го послушав вашиот глас во сѐ, што ми рековте, и ви поставив цар, и еве, царот оди пред вас: а јас остарев и побелев; и синовите мои се со вас. Јас, пак, одев пред вас од младини до денес. Па еве ме, сведочете против мене пред Господа, и пред Неговиот помазаник: кому сум зел вол, кому сум зел осел, кого сум навредил и кого сум притискал, од кого сум зел дар и ги затворил очите пред делото негово, и јас ќе ви ги вратам.« И одговорија: »Ти не си нѐ навредувал, ниту си нѐ измачувал и од никого ништо не си зел.« И тој им рече: »Сведок против вас е Господ, сведок е и помазаникот Негов во овој ден, дека не најдовте ништо против мене.« И тие одговорија: »Сведок е.« Тогаш Самуил му рече на народот: »Сведок е Господ, Кој ги постави Мојсеја и Арона и Кој ги изведе вашите татковци од Египетската земја. А сега застанете, и јас ќе се судам со вас пред Гсопода за сите добри дела, што Он ви ги направи вам и на татковците ваши. Кога Јаков дојде во Египет, и татковците ваши почнаа да викаат кон Господа, Господ го испрати Мојсеја и Арона, и тие ги изведоа татковиците ваши од Египет и ги населија на ова место. Но тие Го заборавија Господа, својот Бог, и Он ги предаде во рацете на Сисар, асирскиот војвода, и во рацете на Филистејците и во рацете на моавскиот цар, кои војуваа против нив. А кога повикаа пак кон Господа и рекоа: ‚Згрешивме, што Го оставивме Господа и почнавме да им служиме на Вааловци и Астарти, спаси нѐ сега од рацете на непријателите наши, и ние ќе Ти служиме Тебе.‘ Тогаш Господ го испрати Јоровала и Варака, Ефтаја и Самуила и ве спаси од рацете на околните непријатели ваши, и вие живеевте во мир. Но кога видовте, дека амонитскиот цар Наас оди против вас, вие ми рековте: ‚Не, нека царува цар над нас‘, штом Господ, вашиот Бог, е ваш цар. И така, еве го царот, што го избравте, кого го сакавте; ете, Господ ви постави цар. Ако се плашите од Господа и Му служите, ако го слушате гласот Негов и не се противите на заповедите Господови, вие и царот ваш, кој царува над вас, и ако одите по Господа, вашиот Бог, тогаш раката Господова нема да биде против вас; ако, пак, не го слушате гласот Господов и почнете да се противите на заповедите Господови, раката на Господа ќе биде против вас, како што беше против татковците ваши. А сега станете и погледнете го големото дело, кое Господ го изврши пред очите ваши: нели е сега пченична жетва? Но јас ќе Го призовам Господа, и Он ќе испрати гром и дожд, и вие ќе дознаете и ќе видите, колку е голем гревот, што го направивте пред очите на Господа, барајќи за себеси цар.« И Самуил го призва Господа, и Господ испрати гром и дожд во тој ден; и сиот народ многу се исплаши од Господа и Самуила. и сиот народ му рече на Самуила: »Помоли се за слугите свои пред Господа, твојот Бог, за да не умреме; зашто кон сите гревови наши додадовме уште еден грев, кога баравме за себеси цар.« А Самуил му одговори на народот и рече: »Не плашете се, вие го направивте, вистина, тој грев, но само не отстапувајте од Господа, и служете Му на Господа од сѐ срце, и не одете по ништожни богови, кои нема да ви донесат корист и нема да ве спасат, бидејќи се ништо; а Господ нема да го остави народот Свој заради Своето големо име, бидејќи на Господа му беше угодно да ве избере за Свој народ; исто така и јас нема да си дозволам грев пред Господа, да престанам да се молам за вас, и ќе ви го покажувам добриот и правиот пат; само бојте се од Господа и служете Му вистински од сето свое срце, зашто видовте, какви големи дела изврши Он со вас; ако пак вршите зло, тогаш и вие и царот ваш ќе загинете.« Беше изминала една година од царувањето на Саула, а две години царуваше Саул над Израилот, кога тој си избра три илјади Израилци: две илјади беа со Саула во Махмас и во гората Ветилска, а илјада беа со Јонатан во Гава Венијаминова: а другиот народ тој го испрати по куќите нивни. Јонатан ја разби филистејската стража, што беше во Гава; Филистејците слушнаа за тоа, а Саул затруби со труба по целата земја, викајќи: »нека чујат Евреите!« Кога сиот Израил чу, дека Саул ја разбил филистејската стража и дека Израил станал намразен за Филистејците, – народот се собра при Саула во Галгал. А Филистејците се собраа за војна против Израил: триесет илјади коли и шест илјади коњица, и мноштво народ, како песок на морскиот брег; и дојдоа, та се сместија во Махмас, на исток од Веторон. Израилците, откако видоа дека се во опасност, бидејќи народот беше притеснет, се криеја во пештери и теснеци, во камени места, во пукнатини и ровови; а некои од Евреите минаа од онаа страна на Јордан, во земјата Гадова и Галадска; Саул, пак, беше уште во Галгал, сиот народ, што беше со него, се беше уплашил. И тој чекаше седум дена до рокот, означен од Самуила, но Самуил не доаѓаше во Галгал. И народот почна да се разбегува од него. И Саул рече: »Донесете го при мене одреденото за сепаленици и за благодарствени жртви.« И принесе жртва. А штом заврши со принесувањето на жртвата, ете кај иде Самуил, и Саул му излезе во пресрет да го поздрави. А Самуил запраша: »Што си направил?« Саул одговори: »Видов оти народот се разбега од мене, а ти не дојде во закажаното време, Филистејците пак се беа собрале во Махмас, – тогаш си помислив: ‚Сега ќе се спуштат врз мене Филистејците во Галгал, а јас, пак, сѐ уште не сум го прашал Господа,‘ па затоа решив да принесам жртва.« И Самуил му рече на Саула: »Лошо си постапил што не си ја исполнил заповедта на Господа, твојот Бог, која ти беше дадена, зашто денес Господ сакаше да го зацврсти царувањето твое над Израилот засекогаш. А сега твоето царување не ќе може да опстане: Господ ќе си најде маж според срцето Свое и ќе му нареди да биде водач на народот Негов, зашто ти не го исполни она што ти беше заповедал Господ.« И стана Самуил, та отиде од Галгал во Гава Венијаминова, другите, пак луѓе отидоа по Саула против непријателските групи, кои ги нападнаа кога одеа од Галгал во Гава Венијаминова; а Саул ги преброи луѓето, што беа со него, до шестотини души. Саул со синот свој Јонатан и луѓето, што се наоѓаа при нив, се улогорија во Гава Венијаминова и плачеа, а Филистејците беа во логорот во Махмас. И од филистејскиот логор излегоа три дружини, за да ја опустошуваат земјата: едната тргна по патот за Гофер, во земјата Совал, другата дружина тргна по Веторонскиот пат, додека третата појде по патот кон границата на долината Севоим, кон пустињата. Во сета Израилска земја немаше ковачи, бидејќи Филистејците се плашеа, да не направат Евреите мечеви или копја. И сите Израилци требаше да одат при Филистејците за да ги клепаат своите рала, мотиките, секирите и копачите, кога ќе отапеше сечилото на ралата, мотиките, вилите и секирите, или пак требаше да се наострат остените. Затоа во текот на војната немаше ниту меч, ниту копје во сиот народ, што беше со Саула и Јонатана, а такви се најдоа само кај Саула и кај синот негов Јонатана. И филистејската стража излезе во теснецот во Махмас. Еден ден Сауловиот син Јонатан му рече на својот слуга оруженосец: »Дојди да минеме кон филистејската стража, од онаа страна.« А на татка си тој не му кажа за тоа. Саул, пак, се наоѓаше крај Гава, под калинковото дрво, кое е во Магдон; со него беа до шестотини души народ. и Ахија, синот Ахитов, брат на Јохаведа, син на Финеса, син Илиин, свештеник Господов во Силом, кој носеше ефод. А народот не знаеше, дека Јонатан заминал. Меѓу премините, низ кои Јонатан сакаше да се пробие до филистејската стража, имаше остра карпа од едната страна и остра карпа од другата: едната ја нарекуваа Васес, а другата – Сена; едната карпа се издигаше од север кон Махмас, другата – од југ кон Гава. И му рече Јонатан на својот слуга оруженосецот: »Дојди да преминаме кон стражата на необрезаните; можеби, Господ ќе ни помогне, бидејќи за Господа не е тешко да спаси преку мнозина или малкумина.« И оруженосецот одговори: »Врши сѐ што ти е по срцето; ете, јас сум со тебе, оди, каде што сакаш.« Јонатан рече: »Еве, ќе преминеме кон оние луѓе и ќе застанеме да ни видат; ако ни речат: – застанете, додека да дојдеме до вас, – ние ќе застанеме на местата свои и нема да излеземе при нив; ако, пак, кажат: – дојдете при нас, – ние ќе излеземе, зашто Господ ги предал во рацете наши; и тоа ќе биде знак за нас.« Кога и двајцата застанаа, за да ги види филистејската стража, Филистејците рекоа: »Ете, Евреите излегуваат од проломите, во кои се беа испосокриле.« И извика стражата кон Јонатана и оруженосецот негов, велејќи: »Дојдете кај нас, и ние ќе ви кажеме нешто.« Тогаш Јонатан му рече на оруженосецот: »Оди по мене, зашто Господ ги предава во рацете на Израилот.« Тогаш Јонатан почна да се качува со раце и нозе, а оруженосецот негов по него. И Филистејците паѓаа пред Јонатана, а оруженосецот ги доубиваше по него. И во тој прв пораз, нанесен од Јонатана и оруженосецот негов, паднаа до дваесет души, врз половина од нива, обработувана од два вола во еден ден. Па настана ужас во логорот на полето и во сиот народ: стражата и оние што ја опустошија земјата, многу се уплашија, и не сакаа да се бијат; се затресе целата земја, и настана голем ужас од Господа. И Сауловата стража во Гава Венијаминова виде, дека народот се распрснува и трча наваму-натаму. И Саул му рече на народот, што беше со него: »Погледајте и дознајте, кои од нашите се излезени.« И прегледаа, а тоа, го нема Јонатан и оруженосецот негов. И Саул му рече на Ахија: »Донеси го ковчегот Божји,« – зашто во тоа време ковчегот Божји беше со синовите Израилеви. Саул уште му говореше на свештеникот, додека збрката во филистејскиот логор сѐ повеше и повеќе се зглемуваше. Тогаш Саул му рече на свештеникот: »Собери ги рацете свои!« Извика Саул и сиот народ, што беше со него, и дојдоа до местото на битката, и ете, таму мечот на секого беше насочен против ближниот негов; смут имаше многу голем. Тогаш и Евреите, кои вчера и завчера беа со Филистејците и кои заедно одеа со нив во логорот, се присоединија кон Израилците што беа со Саула и Јонатана; и сите Израилци, што се криеја во Ефремовата гора, откако слушнаа, дека Филистејците избегале и тие се присоединија кон своите во битката. Тој ден Господ го спаси Израилот; а битката се прошири дури до Вамот. Сите мажи со Саула беа до десет илјади, и битката се прошири по целиот град на Ефремовата гора. Израилевите мажи беа изморени тој ден; а Саул, не размислувајќи многу, го заколна народот, велејќи: »Проклет да е оној, што ќе вкуси леб до вечерва, додека не им се одмаздам на моите непријатели!« И никој од народот не вкуси храна. И сиот народ отиде во гората, а таму на лединката имаше мед. И народот излезе во гората, велејќи: »Еве, тече мед.« Но никој не ја доближи раката кон устата своја, бидејќи народот се плашеше од клетвата. Јонатан, пак, не чу, кога тако му го заколнуваше народот, и отакако го протегна крајот на стапот, што беше во раката негова, ја буцна медената пита и ја сврти со раката кон устата своја и очите му светнаа. А еден од народот му рече, велејќи: »Татко ти го заколна народот, и рече: – ‚Проклет да е оној, што денес ќе вкуси храна; од тоа народот изнемоште.‘« Но Јонатан рече: »Татко ми ја смути земјата; гледате, како ми светнаа очите, штом вкусив малку од медов; ако, пак, народот денес си каснеше од грабежов, што го најде кај непријателите свои, немаше ли поразот на Филистејците да биде поголем?« И Израилците ги разбија Филистејците оној ден од Махмас до Ајалон, и народот многу беше изморен. Тогаш народот се нафрли на пленот, и земаа овци, волови и телиња, и ги колеа наземи, и народот јадеше заедно со крвта. Му јавија на Саула, велејќи: »Ете, народот греши пред Господа, јаде со крвта.« И рече Саул: »Вие згрешивте: донесете сега при мене еден голем камен.« Потоа Саул рече: »Одете меѓу народот и речете му: секој нека го дотера при мене волот свој и секој – овцата своја, и колете тука и јадете, и не грешете пред Господа, не јадете со крвта.« И сите од народот дотеруваа, секој со своја рака, волот свој и овцата своја през ноќта и колеа таму. Тогаш Саул му изгради жртвеник на Господа: тоа беше жртвеник на Господа подигнат од него. И Саул рече: »Да ги подгониме Филистејците оваа ноќ и да ги ограбиме до разденување и да не оставиме ниту еден од нив.« И рекоа: »Прави сѐ, што сметаш дека е добро.« А свештеникот рече: »Да пристапиме овде кон Бога.« Саул го запраша Бога: »Да ги подгонам ли Филистејците? Ќе ги предадеш ли во рацете на Израилот?« Но Он не му одговори тој ден. Тогаш Саул рече: »Нека се приближат овде сите началници народни, да распрашаат и дознаат, врз кого е денес гревот? Зашто, – жив ми Господа, Кој го спаси Израилот – ако биде и врз синот мој Јонатан, и тој нека умре бездруго.« Но никој од сиот народ не му одговори. Тогаш Саул им рече на сите Израилци: »Застанете вие на едната страна, а јас и син ми Јонатан ќе застанеме на другата страна.« А народот му одговори на Саула: »Прави го она што мислиш дека е добро.« И рече Саул: »Господи, Боже Израилев! Зошто сега не му одговори на Твојот слуга? Во мене ли е вината за тоа, или кај син ми Јонатан? Господи, Боже Израилев, дај знак. Ако е вината кај твојот народ Израил, изобличи го.« Изобличени беа со жреб Јонатан и Саул, а народот излезе прав. Тогаш Саул рече: »Фрлете жреб меѓу мене и меѓу синот мој Јонатан и кого Господ ќе го посочи, тој да умре.« И народот му рече на Саула: »Нека не биде така!« Но Саул настојуваше. И фрлија жреб меѓу него и синот негов Јонатан, и жребот падна врз Јонатана. И Саул му рече на Јонатана: »Кажи ми, што си направил?« И Јонатан му раскажа, велејќи: »Вкусив со стапот, што е во раката моја, малку мед; и ете, јас треба да умрам.« И Саул рече: »Нека ми направи Господ и тоа и тоа, и уште повеќе да направи; ти, Јонатане, денес треба да умреш.« Но народот му рече на Саула: »Јонатан ли да умре, кој изврши такво големо спасение на Израилот? Тоа нема да биде! Нека е жив Господ, ни влакно нема да падне од главата негова на земјата, зашто денес тој дејствуваше со Бога.« И народот го ослободи Јонатана, и тој не умре. Тогаш Саул не отиде да ги гони Филистејците; и Филистејците се вратија во земјата своја. Саул го зацврсти царувањето свое над Израилот, и војуваше против сите свои околни непријатели, со Моав и со Амонците и со Едом, и со Ветор, и со царевите на Сова, и со Филистејците, а против кого и да се свртеше, по ред имаше успех. Тој ја среди војската, го разби Амалик и го ослобори Израил од рацете на оние што го грабеа. Саулови синови беа: Јонатан, Јесуј и Мелхисуј; а двете ќерки негови се викаа: поголемата – Мерова, а помалата – Мелхола. А Сауловата жена се викаше Ахиноам, ќерка на Ахимас; началникот на војската негова се викаше Авенир, син на Нир, стрикото Саулов. Кис, Сауловиот татко, и Нир, Авенировиот татко, син на Јамина, беа синови Авилови. И за сето Саулово време се водеше упорна борба против Филистејците. И кога Саул ќе видеше некој човек силен и јунак, го земаше кај себеси. Потоа Самуил му рече на Саула: »Господ ме испрати да те помажам за цар над Неговиот народ, над Израилот; а сега чуј го гласот Господов. Така говореше Господ Саваот: ‚Си спомнав на она, што Амалик му го направи на Израилот, како тој му се испречи на патот кога тој доаѓаше од Египет. Оди сега и порази го Амалика и истреби сѐ негово, но не земај за себе ништо од нив, туку уништи го и проколни сѐ што е негово; не штеди го, туку предај на смрт од маж до жена, од момче до доенче, од вол до овца, од камила до осел.‘« Го собра тогаш Саул неродот и го преброи во Галгал; и тие двесте илјади Израилци пешаци и десет илјади од Јудиното племе. И дојде Саул до Амаликовите градови и постави заседа во потокот. Па им рече Саул на Кенејците: »Одете, одделете се, излезете од средината на Амаликовците, за да не ве погубам со нив, бидејќи вие покажавте благонаклоност спрема сите Израилци кога доаѓаа од Египет.« И Кенејците се одделија од Амаликијците. И Саул го порази Амалика од Евил до пределите на Сур, што е пред Египет; и го зароби жив амаликијскиот цар Агага, и сиот народ го истреби со меч и Јерима го уби. Но Саул и народот го поштедија Агага и најдобрите овци, волови и згоените јагниња, и сето добро, кое не сакаа да го истребат, а го истребија сето лошо и безвредно. И дојде словото од Господа, кон Самуила вакво: »Жалам, што го поставив Саула за цар, бидејќи тој се одврати од Мене и не го исполни зборот Мој.« Се натажи Самуил многу, викаше кон Господа цела ноќ. А изутрината рано Самуил стана и отиде да го пресретне Саула. И му јавија на Самуила, дека Саул отишол на Кармил и таму си подигнал споменик, но оттаму ја свртил колата и слегол во Галгал. Кога Самуил дојде при Саула, Саул му рече: »Благословен да си од Господа; јас го исполнив зборот Господов.« Но Самуил рече: »А какво е ова блеење на овци во ушите мои и мукање на волови, што го слушам?« Саул одговори: »Ги дотераа од Амалика, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и волови за принесување жртви на Господа, твојот Бог; а другото го истребивме.« Самуил му рече на Саула: »Почекај да ти јавам, што ми кажа Господ ноќеска.« А Саул му рече: »Кажувај.« Тогаш Самуил рече: »Зар не беше ти мал пред Него и зар не те постави глава над Израилевите племиња, и Господ те помаза за цар над Израилот? И Господ те испрати на пат и рече: ‚Оди и истреби ги Амаликијците и војувај против нив, сѐ додека ги истребиш.‘ Зошто тогаш ти не го послуша гласот Господов, а се втурна по грабеж и направи зло пред очите на Господа?« Саул му одговори на Самуила: »Јас го послушав гласот Господов и отидов на пат, каде што ме испрати Господ, и го доведов амаликијскиот цар Агаг, а Амаликијците ги истребив; а од пленот: овците и воловите, народот го зеде најдоброто од ограбеното, за да му принесе жртва на Господа, твојот Бог, во Галгал.« Самуил одговори: »Зар сепалениците и приносите повеќе Му се пријатни на Господа, отколку послушноста на гласот Господов? Послушноста е подобра од жртвата, и покорувањето – подобро отколку овнешкото месо; зашто непокорноста и исто таков грев, какво што е вражањето, а упорноста е исто како и идолопоклонството. Поради тоа што го отфрли зборот на Господа, затоа и Он те отфрли, за да не бидеш цар над Израилот.« И Саул му кажа на Самуила: »Згрешив, бидејќи ја престапив заповедта на Господа и твојот збор; но јас се исплашив од народот и го послушав гласот нивни. А сега земи го од мене мојот грев и врати се со мене, за да Му се поклонам на Господа, твојот Бог.« А Самуил му одговори на Саула: »Нема да се вратам со тебе, зашто ти го отфрли зборот Господов, и Господ тебе те отфрли, за да не бидеш цар над Израилот.« Самуил се сврти да си оди. Но Саул се фати за крајот од облеката негова и ја раскина. Тогаш Самуил рече: »Денес Господ го одзеде царството Израилево од тебе и му го даде на твојот ближен, кој е подобар од тебе. Светецот Израилев нема да каже неправда, ниту ќе се покае, бидејќи Он не е човек, та да се покае.« И рече Саул: »Згрешив; но направи ми сега чест пред старешините на мојот народ и пред Израилот, и врати се со мене, и јас ќе Му се поклонам на Господа, твојот Бог.« Самуил се врати по Саула, и Саул Му се поклони на Господа. Потоа Самуил рече: »Доведете ми го амаликијскиот цар Агага.« Агаг, растреперен, се приближи до него, и рече Агаг: »Горчината на смртта, секако, одмина!« Но Самуил рече: »Како што мечот твој ги лишуваше жените од децата, така и мајка ти меѓу жените нака биде лишена од син.« И го исече Самуил Агага пред Господа во Галгал. Самуил отиде во Арматем, а Саул отиде во домот свој во Гава Саулова. И Самуил веќе не се виде со Саула до денот на смртта своја; но Самуил тагуваше по Саула, бидејќи Господа се беше покајал, што го зацари Саула над Израилот. Му рече Господ на Самуила: »До кога ќе тагуваш по Саула, кого Јас го отфрлив, да не биде цар на Израилот? Наполни го рогот свој со елеј и оди; Јас ќе те испратам кај витлеемецот Јесеј, зашто меѓу неговите синови си согледав цар.« Тогаш Самуил рече: »Како да одам? Саул ќе чуе и ќе ме убие.« Господ рече: »Потерај од стадото свое една јуничка и кажи: – дојдов да му принесам жртва на Господа; покани го и Јесеја, и синовите негови, на жртвата; Јас ќе ти кажам, што да правиш, и ти ќе Ми го помажеш оној, кого ќе ти го посочам.« И Самуил направи, како што му кажа Господ. Кога дојде во Витлеем, старешините градски се уплашија и излегоа да го пресретнат и запрашаа: »Со мир ли доаѓаш?« Тој одговори: »Со мир; дојдов да Му принесам жртва на Господа; осветете се и дојдете со мене на принесување жртва.« И го освети тој Јесеја и синовите негови и ги покани на жртвата. И кога дојдоа тие, тој, штом го виде Елиава, рече: »Секако овој е пред Господа помазаникот Негов!« Но Господ му рече на Самуила: »Не гледај на лицето негово и високиот негов раст; Јас го отфрлив. Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето.« И го повика Јесеј Аминадава и го доведе кај Самуила, па рече Самуил: »И овој Господ не го избрал.« Јесеј го доведе Сама, и Самуил рече: »И овој не е избран од Господа.« Така Јесеј ги доведе при Самуила седумте синови свои, но Самуил му рече на Јесеја: »Ни еден од нив Господ не избрал.« Самуил го запраша Јесеја: »Сите деца твои ли се овие?« Јесеј одговори: »Остана уште најмалиот; тој ги пасе овците.« И му рече Самуил на Јесеја: »Испрати, и доведи го, зашто нема да седнеме да јадеме, додека тој не дојде овде.« Тогаш Јесеј испрати, и го доведоа. Тој беше рус, со убави очи и пријатно лице. И Господ рече: »Стани, помажи го, зашто тоа е тој.« Самуил го зеде рогот со елеј и го помаза среде браќата негови, и Духот Господов почиваше врз Давида од тој ден и подоцна. Потоа Самуил стана и отиде во Арматем. А од Саула отстапи Духот Господов, и зол дух од Господа го мачеше. И му рекоа на Саула неговите слуги: »Ете, зол дух од Бога те мачи. Нашиот господар нека заповеда на слугите свои, што се пред тебе, да побараат човек, што знае да свири на гусли и кога лошиот дух од Бога ќе дојде врз тебе, тој, свирејќи со рака, ќе те успокојува.« Саул им одговори на слугите свои: »Најдете ми човек, што убаво свири, и доведете ми го.« Тогаш еден од слугите негови рече: »Ете, јас видов кај витлеемцеот Јесеј син, кој знае да свири, човек храбар и борбен, умно говори и е убав, и Господ е со него.« Саул прати известител при Јесеја и рече: »Испрати ми го синот свој Давида, кој е при стадото.« Јесеј зеде осел со леб и мешина со вино и едно јаре, па ги испрати со синот свој Давида кај Саула. Давид дојде кај Саула, и се претстави пред него; тој многу му се допадна на Саула и му стана оруженосец. И Саул испрати да му кажат на Јесеја: »Нека служи Давид при мене, бидејќи најде благонаколност за очите мои.« И секогаш, кога духот лукав доаѓаше врз Саула, Давид го земаше гуслето, свиреше, и на Саула му стануваше подобро и повесело, и лошиот дух тогаш се иставаше од него. Филистејците ги собраа војските свои за војна, се сместија во Сокхот, кој е во Јудеја, и се улогорија меѓу Сокхот и Азик, во Ефес-Дамим. А Саул и Израилците се собраа и се улогорија во дабовата долина и се подготвија за војна против Филистејците. И застанаа Филистејците од едната страна на планината, и Израилците од другата страна на планината, а меѓу нив беше долината. А од Филистејскиот логор излезе маж силен, по име Голијат, од Гет; со раст од шест лакти и педа. На главата имаше бакарен шлем; а беше облечен во лушпест околоп, и оклопот тежеше пет илјади сикли бакар; на нозете имаше бакарни ногавици до над колената и на плеќите свои – бакарен штит; дршката на копјето негово беше како ткаечко кросно, а самото копје – беше од шестотини сикли железо, пред него одеше оруженосец. И застана тој и викна кон Израилските војски, велејќи им: »Зошто сте излегле да војувате? Не ли сум јас Филистеец, а вие робови Саулови? Изберете си еден човек и нека слезе при мене; ако тој може да се бие со мене и ме убие, ние ќе ви бидеме робови; ако, пак, јас го победам и го убијам, вие ќе ни бидете робови и ќе ни служите.« Рече уште Филистеецот: »Денес ќе ја засрамам војската Израилева; дајте ми човек, и ние двајца ќе се биеме.« И Саул и сите Израилци кога ги слушнаа тие зборови од Филистеецот, многу се уплашија и ужасија. Давид беше син на Ефратецот од Витлеем Јудин, по име Јесеј, кој имаше осум синови; во дните на Саула тој човек достигна старост и беше најстар меѓу мажите. Тројцата поголеми Јесеови синови отидоа со Саула во војна; имињата на тројцата синови, што отидоа во војна, беа: најголемиот се викаше Елијав, вториот по него – Аминадав, и третиот – Сама; Давид, пак, беше најмал. Тројцата поголеми отидоа со Саула, а Давид се беше вратил од Саула, за да ги пасе овците на таткото свој во Витлеем. Оној Филистеец излегуваше наутро и се покажуваше четириесет дена. И Есеј му рече на синот свој Давида: »Земи за браќата свои ефа печено жито и овие десет лебови и однеси ги што поскоро во логорот кај браќата твои; а овие десет пити сирење однеси му ги на илјаданачалникот и распрашај се за здравјето на браќата твои и дознај за потребите нивни.« Саул и сите тие Израилци се наоѓаа во дабовата долина и се готвеа за борба со Филистејците. Давид изутрината стана рано, ги остави овците на чувар, и откако го зеде товарот, тргна, како што му беше заповедал Јесеј; и дојде при комората, кога војската беше наредена и со извици се готвеше за борба. Тогаш Израилците и Филистејците се распоредија војска спроти војска. Давид го остави товарот кај чуварот на комората и потрча кон редовите, дојде и ги запраша браќата свои за здравје. И ете, кога тој разговараше со нив, силниот човек, кому му беше името Голијат, Филистеец од Гет, излегуваше од филистејските редови и ги кажуваше истите оние зборови и Давид ги чу. И сите Израилци, откако ќе го видеа тој човек, бегаа од него и многу се плашеа. Израилците велеа: »Го гледате ли оној човек, што излегува? Тој излегува, за да го навредува Израилот; а кога би го убил некој, царот би го наградил со големо богатство, и би му ја дал ќерката своја за жена, а домот на татко му би му го направил слободен во Израилот.« И Давид им рече на оние, што стоеја со него: »Што ќе му направат на оној, што ќе го убие оној Филистеец и го симне срамот од Израилот? Зашто, кој е тој необрезан Филистеец, што ја навредува војската на живиот Бог?« И тие му ги рекоа истите зборови, додавајќи: »Ете, тоа ќе му направат на оној човек, што ќе го убие.« Елијав, најголемиот брат на Давида, чу што говореше тој со луѓето, и му се налути Елијав на Давида, па му рече: »Зошто си дошол тука и на кого им ги остави оние малку овци во пустињата? Го знам јас твоето кревање на големо и твоето лошо срце; ти си дошол да ја гледаш борбата.« А Давид рече: »Па што сум направил? Не ли се тоа само зборови?« Па се сврте од него кон друг и ги говореше истите зборови, а луѓато му одговараа како и порано. Се слушнаа зборовите, што Давид ги говореше, и му ги соопштија на Саула, и тој го повика. И му рече Давид на Саула: »Никој нека не паѓа со духот пред овој; твојот роб ќе отиде и ќе се бори против тој Филистеец.« А Саул му рече на Давида: »Не можеш да одиш против Филистеецот, да се бориш против него, зашто ти си уште момче, а тој е војник уште од младини.« Тогаш Давид му рече на Саула: »Твојот слуга ги пасеше татковите си овци, и кога се случуваше да дојде лав, или мечка, и ќе одвлечеше овца од стадото, јас се спуштав по нив, ги напаѓав и им ја одземав од устата нивна; ако, пак, тие се нафрлеа врз мене, јас ги фаќав за гривата, ги удирав и ги убивав; лав и мечка убивал твојот слуга; а и со овој необрезан Филистеец ќе стане истото, како со нив, бидејќи ја навредува војската на живиот Бог. Не бива ли да одам и да го победам, за да ги снема навредите од Израилот? Зашто, кој е тој необрезан?« Давид рече уште: »Господ, Кој ме спасуваше од лавот и мечката, ќе ме спаси и од рацете на овој Филистеец.« Тогаш му рече Саул на Давида: »Оди, Господ нека биде со тебе!« Саул го облече Давида со облеката своја, му стави на главата бакарен шлем, и му надена железна облека. Давид го опаша мечот негов врз облеката и се обиде да оди, бидејќи никогаш не одел со такво вооружување. И Давид му рече на Саула: »Не можам да одам со ова, не сум навикнат.« И го симна Давид сето тоа од себеси. Па го зеде в рака стапот свој, си одбра пет мазни камчиња од потокот, ги стави во овчарската торбичка, што беше со него; и со торбичката и праќка во раката излезе против Филистеецот. Излезе и Филистеецот, одејќи и приближувајќи се кон Давида, и пред него му одеше оруженосецот. Погледна Филистеецот и, откако го виде Давида, со презир го изгледа, бидејќи беше млад, рус и убав. Филистеецот му рече на Давида: »Зошто си тргнал против мене со стап и со камења? Да не сум куче?« Давид му одговори: »Не, туку подолен од куче.« Филистеецот го проколна Давида со боговите свои. И Филистеецот му рече на Давида: »Приближи се до мене, и ќе им го дадам телото твое на птиците небески и на ѕверовите полски.« Давид му одговори на Филистеецот: »Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господа Саваота, Бог на Израилевата војска, која ти ја навредуваш; сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја, и ќе им го дадам твојот труп и труповите на филистејската војска на птиците небески и ѕверовите земни, и целата земја ќе дознае, оти има Бог во Израилот; и сите овие луѓе ќе разберат дека не со меч и копје спасува Господ, зашто тоа е војна на Господа, и Он ќе ве предаде во рацете наши.« Кога Филистеецот се исправи и почна да пристапува и да се приближува кон Давида, Давид брзо се стрча кон местото на борбата против Филистеецот, и бркна со раката во торбата, извади оттаму еден камен и фрли до праќката, та го удри Филистеецот в чело, така што каменот се заби во челото негово, и тој падна ничкум на земјата. Така со праќка и камен го победи Давид Филистеецот; го удри Филистеецот и го уби; а Давид немаше меч во рацете. Тогаш Давид се стрча и, откако стапна врз Филистеецот, зеде та го извлече мечот негов од корицата, го удри и ја пресече со него главата негова. Филистејците, кога видоа дека нивниот јунак умре, почнааа да бегаат. И се кренаа мажите израилски и јудејски, викнаа и ги гонеа Филистејците до влезот во долината и до портите на Акарон. И убиваните Филистејци паѓаа по Шааримскиот пат до Гет и до Акарон. Откако ги прогонија Филистејците, Израилевите синови се вратија и го разграбија логорот нивни. Давид ја зеде главата на Филистеецот и ја однесе во Ерусалим, а оружјето го стави во шаторот свој. Кога Саул го беше видел Давида како излегува против Филистеецот, тогаш го запраша Авенир, началникот на војската: »Авенире, чиј син е тоа момче?« Авенир му одговори: »Да ти е жива душата, царе, не знам.« И царот тогаш рече: »Ја прашај, чиј син е тоа момче?« А кога Давид се враќаше, откако го уби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе при Саула, и главата на Филистеецот беше во раката негова. И Саул го запраша: »Чиј син си, момче?« Давид одговори: »Син на твојот слуга Јесеј од Витлеем.« Кога Давид го заврши разговорот со Саула, душата на Јонатан се приврза до душата негова, и Јонатан го засака како душата своја. И тој ден Саул го задржа и не му дозволи да се врати во татковиот си дом. А Јонатан склучи сојуз со Давида, бидејќи го засака како душата своја. Јонатан ја сметна горната облека своја, што беше на него, и му ја даде на Давида, исто така и другата облека своја, и мечот свој, и лакот свој, и појасот свој. А Давид постапуваше разумно насекаде, каде и да го испратеше Саул, и Саул го направи началник над воените луѓе; и тоа му се допадна на сиот народ и на слугите Саулови. Кога одеа, при враќањето на Давида од победата над Филистеецот, жените од сите израилски градови излегуваа да го пресретнат царот Саул со песни, игри и радосни извици, со тимпани и кимвали. И жените, што играа и пееја, говореа: »Саул победи илјади, а Давид – десетици илјади!« Тогаш Саул многу се огорчи, непријатни му беа тие зборови, па рече: »На Давида му дадоа десетици илјади, а мене – илјади; му недостига само царство.« И од тој ден Саул гледаше на Давида подозриво. И се случи на другиот ден, лошиот дух од Бога го нападна Саула, и тој беснееше во куќата своја, а Давид свиреше со раката по струните, како и во другите денови; Саул држеше во раката копје. И го фрли Саул копјето, помислувајќи си: ќе го приковам Давида за ѕидот; но Давид двапати се истргна од него. И Саул почна да се плаши од Давида, зашто Господ беше со него, а од Саула отстапи. И Саул го истави од себеси и го постави за свој илјаданачалник, и тој излегуваше и влегуваше пред народот. Во сите работи Давид постапуваше разумно и Господ беше со него. И Саул виде дека е тој многу разумен, и се плашеше од него. А целиот Израил и Јуда го сакаа Давида, зашто тој излегуваше и влегуваше пред нив. Саул му рече на Давида: »Ете, поголемата ми ќерка Мерова ќе ти ја дадам за жена, само биди ми јунак и води ги војните Господови.« Зашто Саул си мислеше: нека не биде мојата рака врз него, туку раката на Филистејците нека биде врз него. Но Давид му рече на Саула: »Кој сум јас, и каков е животот мој и родот на татко ми во Израилот, та да станам царски зет?« И кога дојде време Сауловата ќека Мерова да се омажи за Давида, му ја дадоа за жена на Адриел од Мехола. Но Давида го беше засакала другата Саулова ќерка, Мелхола, и кога му соопштија на Саула за тоа, му стана пријатно. Саул си мислеше: »Ќе ја омажам за него, и таа ќе му биде стапица, и раката на Филистејците ќе биде врз него.« И му рече Саул на Давида: »Денес ќе се сродиш со мене преку другата.« Тогаш Саул им заповеда на слугите свои, велејќи: »Кажете му тајно на Давида: – ете, царот е благонаклонет кон тебе, и сите слуги негови те сакаат; затоа стани му зет на царот.« И слугите Саулови ги предадоа во ушите на Давида сите тие зборови. А Давид рече: »Зар ви се чини дека е лесно да бидеш зет на царот? Јас сум човек беден и мал.« И му соопштија на Саула слугите негови и рекоа: »Еве, што рече Давид.« Тогаш Саул рече: »Вака кажете му на Давида: царот не сака мираз, туку само сто филистејски обрезоци за одмазда на царевите непријатели.« Зашто Саул беше на мисла да го погуби Давида со рацете на Филистејците. Слугите му ги соопштија на Давида тие зборови и на Давида му се свиде да му стане зет на царот. Уште не беа изминале определините денови, Давид стана, тргна тој и луѓето со него, и изби двесте души Филистејци; па ги донесе Давид нивните обрезоци, и му ги предаде на царот во полн број, за да стане зет царев. И Саул му ја даде за жена ќерка си Мелхола. Саул виде и дозна дека е Господ со Давида и дека сиот Израил го сака, а и дека Мелхола, Сауловата ќерка, го сака Давида. И Саул почна уште повеќе да се плаши од Давида и стана негов непријател во целиот живот. А кога филистејските војводи излегоа во војна, Давид уште од самото излегување нивно дејствуваше поразумно од сите Саулови слуги, и многу се прослави името негово. Саул му говореше на синот свој Јонатана и на сите слуги свои да го убијат Давида. Но Сауловиот син Јонатан многу го сакаше Давида. Јонатан му кажа на Давида и рече: »Татко ми Саул сака да те убие; затоа пази се утре; сокри се и биди на тајно место; јас, пак, ќе излезам и ќе се исправам до татко ми на нивата, каде што ќе бидеш ти, и ќе му позборувам на татко ми за тебе; што ќе разберам ќе ти соопштам.« Јонатан му говореше на татка си Саула добро за Давида, велејќи му: »Да не греши царот против својот слуга Давида, зашто тој во ништо не згрешил против тебе, и делата негови се многу корисни за тебе; тој ја изложи душата своја на опасност за да го порази Филистеецот; и Господ изврши големо спасение за сиот Израил; ти го виде тоа и се радуваше; зашто сега сакаш да згрешиш против невина крв и да го убиеш Давида без причина?« И Саул го послуша гласот на Јонатана, и се заколна Саул: »Жими Господа, Давид нема да умре.« Тогаш Јонатан го повика Давида; му ги соопшти Јонатан сите тие зборови и го доведе Јонатан Давида при Саула, и тој беше при него, како вчера и завчера. Почна пак војна, и излезе Давид, пак се биеше против Филистејците, и им нанесе голем пораз, и тие бегаа од него. И лош дух од Бога го нападна Саула, и тој седеше дома со копје во раката, а Давид свиреше со рака по струните. Саул сакаше да го прикова Давида со копјето за ѕидот, но Давид отскокна од Саула, и копјето за забоде во ѕидот; а Давид избега и се спаси таа ноќ. И испрати Саул слуги во куќата на Давида, да го пречекаат и да го убијат до изутрината. Тогаш му рече на Давида жена му Мелхола: »Ако не ја спасиш душата своја оваа ноќ, утре ќе бидеш убиен.« Тогаш Мелхола го спушти Давида низ прозорецот, и тој отиде, избега и се спаси. А Мелхола зеде една статуа, ја стави во леглото, а на перницата стави козја кожа, и ја покри со облека. И Саул испрати слуги да го фатат Давида; но Мелхола рече: »Болен е.« А Саул испрати слуги да го видат Давида, велејќи: »Донесете ми го на легло, за да го убијам.« Дојдоа слугите, и ете, во леглото статуа, а на перницата козја кожа. Тогаш Саул ѝ рече на Мелхола: »Зошто ме излага така и дозволи мојот непријател да избега?« А Мелхола му одговори на Саула: »Тој ми рече: пушти ме, инаку ќе те убијам.« Давид избега, се спаси; дојде кај Самуила во Рама и му раскажа си, што прави со него Саул. И тргна со Самуила, и се запреа во Нават, во Рама. И му јавија на Саула, велејќи: »Ете, Давид е во Нават, во Рама.« Тогаш Саул испрати слуги да го фатат Давида, и кога тие видоа група пророци, кои пророкуваа, и Самуил, нивниот началник, духот Божји слезе врз Сауловите слуги, и тие почнаа да пророкуваат. Му јавија за тоа на Саула, и тој испрати други слуги, но и тие почнаа да пророкуваат. Потоа Саул испрати и трети слуги, но и тие почнаа да пророкуваат. Саул разгневен отиде сам во Рама, и дојде до глемиот извор во Сеф, и запраша, велејќи: »Каде се Самуил и Давид?« И рекоа: »Ете, во Нават, во Рама.« Тој отиде таму во Нават, во Рама, и врз него слезе духот Божји, и тој одеше и пророкуваше, додека стигна до Нават, во Рама. Ја соблече и тој облеката своја, и пророкуваше пред Самуила, и целиот тој ден и целата таа ноќ лежеше необлечен; затоа велат: »Зар и Саул е меѓу пророците?« Давид избега од Нават, кој е во Рама, и дојде, па му рече на Јонатана: »Што направив јас, во што сум виновен, со што згрешив пред татко ти, та ја бара душата моја?« Му одговори Јонатан: »Не, ти нема да умреш; ете, татко ми на врши ништо, било големо, било мало, без да им јави на ушите мои; зашто татко ми ќе го крие тоа од мене тоа? Тоа нема да биде.« Давид се колнеше и говореше: »Татко ти добро знае, дека јас најдов благонаклоност за очите твои, затоа си вели: ‚нека не знае за тоа Јонатан, за да не се огорчи;‘ но жив е Господ и жива е душата твоја – само еден чекор има меѓу мене и смртта.« Јонатан му рече на Давида: »Што сака душата твоја, јас ќе го сторам тоа за тебе.« Тогаш Давид му рече на Јонатана: »Ете, утре е нов месец, и јас треба да седам со царот на трпезата; но пушти ме, и јас ќе се сокријам во полето до вечерта на третиот ден. Ако татко ти запраша за мене, ти кажи: ‚Давид ме замоли да отиде во својот град Витлеем, зашто таму се врши годишно принесување на жртва за сиот негов род.‘ Ако на тоа тој каже: ‚добро‘, твојот роб ќе има мир; ако, пак, се разгневи, тогаш знај, дека тој намислил нешто лошо. А ти стори милост на твојот слуга, – зашто ти го прими слугата свој во завет Господов со тебе, – и ако има некоја вина во мене, убиј ме; зошто да ме водиш кај татко ти?« Јонатан одговори: »Тоа нема да стане со тебе; зашто, ако навистина дознаам, дека татко ми решил да ти направи нешто лошо, зар нема да ти јавам за тоа?« Тогаш Давид му рече на Јонатана: »Кој ќе ми соопшти, ако татко ти одговори налутено?« Јонатан му рече на Давида: »Ајде да одиме во полето.« И обајцата излегоа во полето. Јонатан му рече на Давида: »Жив Господ, Бог Израилев! Утре во ова време, или другиот ден, ќе разберам од татко ми; и ако е тој балгонаклонет кон Давида, и ако јас уште тогаш не испратам при тебе и не ти јавам пред ушите твои, тоа и тоа нека направи Господ со Јонатана и уште повеќе да додаде зло, и тоа ќе го соопштам до ушите твои, и ќе те пуштам; тогаш оди си со мир, и Господ нека биде со тебе, како што беше со татко ми! Но и ти, ако бидеш уште жив, направи ми милост Господова. Ако, пак, умрам, не ја одземај милоста своја од домот мој никогаш, дури ни тогаш, кога Господ ќе ги истреби од лицето на земјата сите непријатели Давидови.« Така склучи Јонатан завет со домот Давидов и рече: »Господ нека им врати на непријателите Давидови!« Јонатан пак му се заколна на Давида во љубовта своја кон него, бидејќи го сакаше како душата своја. И му рече Јонатан: »Утре е нов месец, и ќе запрашаат за тебе, бидејќи местото твое нема да биде зафатено; затоа на третиот ден слези и оди брзо на местото, каде што се криеше порано, и седни кај каменот Азел; јас, пак, ќе пуштам кон таа страна три стрели, како ѓоа стрелам во цел; потоа ќе испратам едно момче, на кого ќе му кажам: ‚оди, најди ги стрелите‘, и ако му кажам на момчето: – на, стрелите се зад тебе, земи ги, дојди при мене, бидејќи има мир за тебе, и, жив ми Господа, нема ништо да ти стане; ако, пак, му кажам вака на момчето: ‚на, стрелите се пред тебе‘ оди си, бидејќи Господ те пушта; а за тоа, за кое говоревме јас и ти, Господ е сведок меѓу мене и тебе засекогаш.« Давид се сокри во полето. Настапи нов месец, и царот седна да руча. Царот седна на местото свое, како секогаш, на седиштето до ѕидот. Јонатан стана, и Авенир седна до Саула; а местото на Давида остана празно. Тој ден Саул не кажа ништо, зашто си помисли, дека е тоа случајно, дека е Давид нечист, не се исчистил. Настапи и вториот ден на новиот месец, а местото на Давида остануваше празно. Тогаш Саул му рече на синот свој Јонатан: »Зошто синот Есеев не дојде на ручек ниту вчера, ниту денес?« Јонатан му одговори на Саула: »Давид измоли од мене да отиде во Витлеем, велејќи: ‚Пушти ме, бидејќи имаме во градот родбинско принесување жртва, и брат ми ме покани; затоа, ако сум нашот благонаклоност во очите твои, да отидам и да се видам со браќата свои,‘ затоа тој и не дојде на царскиов ручек.« Тогаш Саул многу се разгневи на Јонатана и му рече: »Недостоен и непокорен сине! Зар не знам дека си се здружил со Јесеевиот син за срам, на себе си и за срам на мајка си! Зашто во сите денови, додека Есеевиот син ќе живее во земјата, нема да опстанеш ни ти, ни царството твое; а сега испрати и доведи го при мене, бидејќи е осуден на смрт.« Јонатан му одговори на татка си Саула и му рече: »Зошто да се убива? Што направил?« Тогаш Саул фрли копје врз него, за да го убие. Тогаш Јонатан разбра, дека татко му решил да го убие Давида. Јонатан стана од трпезата многу разгневен и не ручаше на другиот ден од новиот месец, зашто тагуваше за Давида, а и затоа што татко му го навреди. На другиот ден изутрина Јонатан излезе на полето, во времето, што му го беше определил на Давида, и едно мало момче со него. И тој му рече на момчето: »Трчи, барај ги стрелите, што ги пуштам.« Момчето се затрча, а тој ги пушташе стрелите така, што тие летаа подалеку од момчето. И момчето се затрча натаму, на каде што Јонатан ги пушташе стрелите, и Јонатан викна по момчето и рече: гледај, стрелата е пред тебе. Јонатан, пак, викаше по момчето: »Трчај побрзо, не се запирај.« И момчето ги собра Јонатановите стрели и дојде при господарот свој. А момчето не знаеше ништо; само Јонатан и Давид знаеја, каква е работата. Тогаш Јонатан му го даде оружјето свое на момчето, што беше со него, и му рече: »Оди и однеси го во градот.« Момчето отиде, а Давид се исправи од кон југ и падна ничкум на земјата и трипати се поклони; и се бакнаа тие еден со друг, и обајцата плачеа заедно, но Давид повеќе плачеше. Јонатан му рече на Давида: »Оди со мир; а тоа, во кое се колневме двајцата во името Господово, велејќи: ‚Господ да биде меѓу мене и тебе, меѓу моето семе и твоето семе‘, нека биде засекогаш.« Давид стана и замина, а Јонатан се врати во градот. Давид дојде во Номва при свештеникот Авимелех, и Авимелех се збуни, кога се сретна со Давида, па му рече: »Зошто си сам? И зошто нема никој со тебе?« Давид му рече на свештеникот Авимелех: »Царот ми даде заповед, велејќи: ‚Никој нека не знае, за што сум те испратил и што сум ти порачал‘ затоа ги оставам слугите свои на определено место; а сега дај ми, што имаш при рака, пет леба, или што ќе се најде.« Свештеникот му одговори на Давида, рече: »Немам при рака обичен леб, туку имам свештен леб; само, ако твоите луѓе се воздржале од жени, нека јадат.« Тогаш Давид му одговори на свештеникот и му рече: »Жени при нас немаше ни вчера, ни завчера, откако сум излегол, и садовите на момчињата се чисти, а ако патот е нечист, тоа лебот ќе остане чист во садовите.« Свештеникот му даде од свештениот леб, бидејќи немаше друг леб освен лебовите на предложението, што беа земени пред лицето на Господа, та по симнувањето нивно, да се стават топли лебови. Тој ден таму се наоѓаше еден од слугите Саулови, по име Доик, Идумеец, началник на Сауловите овчари. Давид му рече на Авимелеха: »Немаш ли тука при рака копје или меч? Зошто јас не зедов со себе ниту меч, ниту друго оружје, бидејќи пораката на царот беше набрзина.« Свештеникот одговори: »Ете го мечот на Филистеецот Голијат, кого го уби ти во дабовата долина, завиткан во платно, зад ефодот; ако сакаш, зами го: друг освен него тука нема.« А Давид рече: »Како него нема друг, дај ми го.« И му го даде. Давид стана и избега истиот ден од Саула, и дојде при гетскиот цар Анхус. Му рекоа на Анхуса слугите негови: »Овој не ли е Давид, царот на онаа земја? Не ли му пееја нему луѓето, велејќи: ‚Саул порази илјади, а Давид – десетици илјади?‘« Давид ги стави тие зборови во срцето свое и многу се плашеше од Анхуса, царот гетски. Тогаш го измени лицето свое пред нив, и се преправи на безумен во очите нивни и удираше по вратите, се фрлаше на рацете свои и пушташе лиги по брадата своја. Анхус им рече на робовите свои: »Гледате, овој човек е луд; зошто сте го довеле при мене? зар малку луди имам при себе, та сте го довеле да лудува пред мене? Зар тој ќе влезе во куќата моја?« И Давид отиде оттаму и избега во Адоламската пештера, а кога слушнаа браќата негови и сиот татков дом негов, дојдоа таму при него. Се собраа при него сите подјармени, сите должници и сите душевно огорчени, и тој им стана началник; и со него беа околу четиристотини души. Оттаму Давид отиде во Масифа Моавска и му рече на моавскиот цар: »Татко ми и мајка ми нака останат при вас, додека разберам што ќе направи Бог со мене.« И ги доведе при моавскиот цар, и тие живееја при него за сето време додека Давид беше во она прибежиште. Но пророкот Гад му рече на Давида: »Не останувај во ова прибежиште, туку оди, оди во земјата Јудина.« И Давид замина и отиде во гората Херет. Саул чу, дека Давид се појавил со луѓето, што беа со него. Саул тогаш седеше во Гива, под дабот на ридот во Рама, со копје во раката, и опколен од сите свои слуги. И им рече Саул на слугите свои, што беа околу него: »Чујте, Венијаминови синови! Зар Јесеевиот син ќе ви даде на сите вас ниви и лозја и сите вас ќе ве постави за илјаданачалници и стотници, та сите сте се здоговориле против мене, и никој не ми јави, кога син ми се спријателил со синот Јесеев, и никој од вас не ме пожали и не ми соопшти, дека син ми го поттикнал против мене мојот слуга да ми кове стапици, како што се гледа сега?« Идумеецот Доик, кој стоеше со Сауловите слуги, одговори и рече: »Јас видов, кога Јесеевиот син доаѓаше во Номва при Авимелеха, синот на Ахитува, и тој го праша за него Господа, му даде храна, му го даде и мечот на филистеецот Голијат.« Тогаш испрати царот да го повикаат свештеникот Авимелех, синот Ахитувов, и целиот татков дом негов, свештениците, што беа во Номва. И сите тие дојдоа при царот. Саул рече: »Чух, сине Ахитувов!« Тој одговори: »Еве, ме господару.« А Саул го запраша: »Зошто сте се договориле против мене, ти и Јесеевиот син, та си дал лебови и меч и си го прашал Бога за него, за да востане против мене и да ми поставува стапици, како што се гледа сега?« Авимелех му одговори на царот и рече: »Кој од сите твои робови е толку верен како Давид? Тој е и царев зет, и исполнител на твоите заповеди, и почитуван во домот твој? Сега за првпат ли го прашувам Бога за него? Но не обвинувај го во тоа, цару, слугата свој и целиот мој татков дом, зашто во целата таа работа твојот слуга не знае ништо, ниту мало, ниту големо.« Но царот му рече: »Авимелех, ти треба да умреш, ти и целиот твој татков дом.« И царот им рече на телохранителите што стоеја при него: »Одете, убијте ги свештениците Господови, зашто и нивната рака е со Давида, и тие знаеја, дека тој избегал, а не ни јавија.« Но царските слуги не сакаа да кренат раце, за да ги убијат свештениците Господови. Тогаш царот му рече на Доика: »Оди ти и убиј ги свештениците!« И Доик Идумеецот отиде, ги нападна свештениците и во тој ден уби осумдесет и пет мажи, што носеа ленен ефод; го порази со меч и Номва, свештеничкиот град; уби со меч мажи и жени, момчиња и девојчиња, волови, осли и овци. Се спаси само еден од синовите на Авимелеха, Ахитувовиот син, по име Авијатар, и избега при Давида. Авијатар му раскажа на Давида, дека Саул ги уби свештениците Господови. А Давид му рече на Авијатара: »Јас знаев оној ден, кога таму беше Идумеецот Доик, дека тој бездруго ќе му јави на Саула; јас сум виновен за сите души од татковиот дом твој. Остани при мене, не плаши се, зашто како што ја бара душата моја, ќе ја бара и твојата душа; ти ќе бидеш кај мене по заштита.« Го известија Давида и рекоа: »Ете Филистејците го нападнаа Кеил и ги разграбуваа гумната.« А Давид го запраша Господа, велејќи: »да одам ли и да ги поразам ли тие Филистејци?« И Господ му одговори на Давида: »Оди, ти ќе ги поразиш Филистејците и ќе го спасиш Кеил.« Но оние што беа со Давида, му рекоа: »Ете, ние се плашиме тука во Јудеја, па како ќе одиме во Кеил против филистејските групи? Ние ќе паднеме во ропство кај Филистејците.« Тогаш Давид пак Го запраша Господа, а Господ му одговори и рече: »Стани и оди во Кеил, зашто Јас ќе ги предадам Филистејците во твои раце.« И Давид отиде со луѓето свои во Кеил, се биеше со Филистејците, го отепа нивниот добиток и им нанесе голем пораз, и Давид ги спаси жителите на Кеил. Кога Авијатар, Авимелеховиот син, избега при Давида и отиде со него во Кеил, тој беше донел со себеси и ефод. Му јавија на Саула, дека Давид дошол во Кеил, и Саул рече: »Бог го предаде во рацете мои, зашто тој се затвори, влегувајќи во град кој има порти и резиња.« И го свика Саул целиот народ во војна, за да отиде против Кеил, да го опколи Давида и луѓето негови. Кога Давид дозна, дека Саул намислил лошо против него, му рече на свештеникот Авијатар: »Донеси го ефодот Господов.« Тогаш Давид рече: »Господи, Боже Израилев! Твојот слуга чу, дека Саул сака да дојде во Кеил, и да го уништи градот поради мене. Ќе ме прададат ли Кеилците во рацете негови? И ќе дојде ли тука Саул, како што чу твојот слуга? Господи, Боже Израилев, јави му на слугата свој.« И рече Господ: »Ќе дојде.« Давид пак праша: »Ќе ме предадат ли Кеилците мене и моите луѓе во Сауловите раце?« И Господ му рече: »Ќе ве предадат.« Тогаш стана Давид и луѓето негови, околу шестотини души, излегоа од Кеил и отидоа, каде што можеа. А на Сула му јавија, дека Давид избегал од Кеил, и тогаш тој го измени походот. А Давид престојуваше во пустињата во непристапни места и потоа на планината во пустињата Зиф. Саул го бараше секој ден; но Бог не го предаде Давида во рацете негови. И Давид виде, дека Саул излегол да ја бара душата негова; Давид тогаш беше во пустињата Зиф во гората. И Сауловиот син Јонатан стана, дојде кај Давида во гората и го поткрепи со надежта на Бога, и му рече: »Не плаши се, зашто раката на татко ми Саула нема да те најде, и ти ќе царуваш над Израилот, јас, пак, ќе бидам втор по тебе; и Саул, татко ми, го знае тоа.« Тогаш склучија меѓу себе завет пред лицето на Господа; и Давид остана во гората, а Јонатан отиде во домот свој. И дојдоа Зифејци при Саула во Гива и рекоа: »Ете, Давид се крие при нас по недостапни места, во планината, на ридот Ехелат, десно од Јесимон. Затоа, ако сака душата твоја, цару, дојди; а наша работа ќе биде да го предадеме во рацете на царот.« И рече Саул: »Да ве благослови Господ, што сте ме пожалиле; одете, уверете се уште, испитајте и разгледајте го местото негово, каде што е ногата негова, и кој го виде таму, бидејќи ми велат, оти е тој многу итар; разгледајте и испитајте за сите прибежишта, во кои се крие тој, и вратете се кај мене со точно известие; тогаш јас ќе отидам со вас; и ако тој е во таа земја, ќе го барам по сите Јудини војводства.« И станаа и отидоа во Зиф пред Саула. А Давид и луѓето негови беа во пустињата Маон, во рамнината, десно од Есимон. Потоа отиде Саул со своите луѓе да го бара. Но му јавија на Давида за тоа, и тој слезе при карпата и остануваше во пустињата Маон. Саул чу и се пушти по Давида во пустињата Маон. Саул одеше на едната страна од планината, а Давид со луѓето свои беше од другата страна на планината. И кога Давид брзаше да се оддалечи од Саула, а Саул со луѓето свои одеше да го заобиколи Давида и луѓето негови, за да ги фати, тогаш дојде при Саула известувач и рече: »Побрзај и дојди, бидејќи Филстејците ја нападнаа земјата.« И се врати Саул од гонењето на Давида и отиде против Филистејците; затоа и го нарекоа тоа место: Села – Хамаклекот (камен на разделба). Потоа Давид излезе оттаму и живееше по неопасните места на Ен-Гади. Кога Саул се врати од Филистејците, му јавија, велејќи: »Ете, Давид е во пустињата Ен-Гади.« Тогаш Саул зеде три илјади одбрани мажи од цел Израил и отиде да го бара Давида и луѓето негови по планините, каде што живеат дивокози. И дојде кај едно овчо трло крај патот; таму имаше пештера, и Саул влезе таму по нужда; а Давид и луѓето негови седеа во дното на пештерата. И му рекоа на Давида луѓето негови: »Еве го денот, за кој ти говореше Господ: ‚ете, Јас ќе го предадам твојот непријател во рацете твои‘ и ќе сториш со него, она што ти е угодно.« Давид стана и полека ја пресече полата на Сауловата горна облека. Но потоа му стана мачно на срцето Давидово, поради тоа што ја пресече полата на Сауловата облека. И им рече на луѓето свои: »Да не ми даде Господ да му го направам тоа на мојот господар, да ставам рака врз него, бидејќи тој е помазаник Господов.« Со тие зборови ги задржа луѓето свои и не им дозволи да го нападнат Саула. А Саул стана и излезе од пештерата на патот. Потоа стана и Давид, излезе од пештерата и извика по Саула, велејќи: »Господару мој, цару!« Саул погледна назад, и Давид падна со лицето на земјата, и му се поклони. И Давид му рече на Саула: »Зошто ги слушаш зборовите на овие луѓе, што велат, ете, Давид крои зло против тебе? Ете, денес гледаат очите твои, дека Господ те предаваше во рацете мои во пештерата, и ми говореа да те убијам, но јас те поштедив и реков: нема да кренам рака на мојот господар, бидејќи тој е помазаник на Господа. Татко, погледни ја полата на облеката твоја во мојата рака, јас ја пресеков полата од облеката твоја, а тебе не те убив; знај и увери се, дека во раката моја нема зло, ни непријателство, и дека јас не сум згрешил спрема тебе; а ти ја бараш душата моја, за да ја одземеш. Господ нека пресуди меѓу мене и тебе, и нека ти одмазди Господ за мене; но мојата рака нема да биде врз тебе, како што вели старата поговорка: – од беззаконици излегува беззаконие. – Затоа раката моја нама да биде врз тебе. Против кого излегол царот Израилски? По кого си се растрчал? По мртво куче, по една болва. Господ нека биде судија и Он нека пресуди меѓу мене и тебе. Тој ќе го испита делото мое и ќе ме спаси од раката твоја.« Откако ги изрече Давид тие зборови кон Саула, Саул рече: »Твојот глас ли е тоа, сине мој Давиде?« И го крена Саул гласот свој, и плачеше и му рече на Давида: »Ти се поправ од мене, зашто ти ми врати со добро, а јас ти враќав со зло; ти го покажа тоа денес, постапувајќи со мене милоситво: кога Господ ме предаваше во рацете твои, ти не ме уби. Кој, откако ќе го најде непријателот свој, ќе го пушти здрав и цел? Господ нека ти врати со добро за тоа што ми го направи денес ти. Сега знам, дека ти бездруго ќе станеш цар, и царството Израилево ќе биде силно во раката твоја. Затоа заколни ми се во Господа, дека нема да го искорениш потомството мое по мене и нема да ги уништиш името мое во татковиот дом мој.« Му се заколна Давид на Саула. И Саул отиде во својот дом, а Давид и луѓето негови отидоа во утврдено место. И Самил умре. Тогаш се собраа сите Израилци, го оплакаа и го погребаа во куќата негова, во Рама. Давид стана и слезе кон пустињата Фаран. Имаше во Маон еден човек многу богат, а имотите му беа на Кармил; тој имаше три илјади овци и илјада кози; тој беше на стрижење кај овците свои на Кармил. Тој човек се викаше Навал, а жена му се викаше Авигеја. Таа жена беше многу умна и убава, а тој – жесток и лош човек; тој беше од родот Халевов. Чу Давид во пустињата, дека Навал ги стриже на Кармил овците свои. И Давид испрати десет момци, и им рече Давид на момците: »Одете на Кармил, појдете кај Навала, поздравете го од мое име и кажете му вака: ‚Мир на тебе, мир на твојот дом, мир на сѐ што е твое! Денес чув, дека ти ги стрижат овците; ете, овчарите твои беа со нас, и ние не ги навредувавме, и ништо кај нив не се загуби за сето тоа време, додека стоеја на Кармил; прашај ги слугите свои, и тие ќе ти кажат; затоа нека најдат момците благонаклоност во очите твои, бидејќи во добар ден дојдовме; дај им, пак, на слугите твои и на синот свој Давид она што ти се наоѓа при рака.‘« Давидовите луѓа отидоа и му ги кажаа на Навала од името на Давида сите тие зборови, и замолчеа. Навал скокна и им одговори на Давидовите слуги и рече: »Кој е тој Давид, кој е тој син Јесеев? Сега има многу слуги кои бегаат од господарите свои; зар да го земам лебот свој и водата своја, и виното свое и месото, што сум го приготвил за стрижачите на овците, и да им дадам на луѓе, што не ги знам од каде се?« И Давидовите луѓе се вратија по својот пат, се вратија и дојдоа, та му ги соопштија на Давида сите тие зборови. Тогаш Давид им рече на луѓето свои: »Препашете го секој мечот свој.« И сите ги препашаа своите мечеви, го препаша и Давид мечот свој, и тргнаа по Давида до четиристотини души, а двесте оставија кај комората. Но еден од слугите ѝ јави на Авигеја, жената Навалова, велејќи: »Ете, Давид испрати од пустињата пратеници да го поздрават нашиот господар, но тој се однесе кон нив грубо; а тие луѓе се многу добри кон нас, не нѐ навредуваа, и ништо не се изгуби кај нас, колку што време одевме со нив, додека бевме во полето; тие беа за нас како ѕид и дење и ноќе за сето време, додека ги пасевме стадата близу до нив; затоа, помисли и види, што да се прави, бидејќи неизбежна несреќа му се заканува на господарот наш и целиот дом негов; а тој е човек лош, не може да се говори со него.« Тогаш Авигеја набрзина зеде двесте леба и две мешини со вино, и пет овци зготвени, пет мери пржено жито, сто врзопки суво грозје и двесте низи смокви, и ги натовари на осли, па им рече на слугите свои: »Тргнувајте пред мене, ете, јас ќе одам по вас.« А на мажот свој Навала ништо не му кажа. А кога таа, седната на осел, се спушташе по падините на планината, ете, во пресрет ѝ доаѓа Давид и луѓето негови, и таа се сретна со нив. И Давид рече: »Да, залудо го пазев во пустињата целиот имот на тој човек, и ништо не се изгуби од тоа, што беше негово; тој ми плаќа зло за добро; тоа и тоа нека направи Господ со непријателите на Давида, и уште повеќе да додаде, ако утре до разденување, од сѐ што е Навалово, го оставам и она што мокри крај ѕид.« Штом Авигеја го виде Давида, таа брзо слезе од оселот, падна ничкум пред Давида и се поклони до земја; падна до нозете негови и рече: »Врз мене да е гревот, господару мој; дозволи ѝ на робинката твоја да говори во ушите твои и чуј ги зборовите на робинката твоја. Нека не обрнува внимание господарот мој на тој лош човек, на Навала; зашто, како му е името, таков е и тој: Навал му е името, и безумието е со него. А јас, твојата робинка, не ги видов слугите на мојот господар, што си ги испратил. И сега, господару мој, жив ми Господа и жива да е душата твоја! Господ нема да дозволи да пролеваш крв, а ќе ја задржи раката твоја да не се одмаздуваш; и сега нека бидат како Навал твоите непријатели и овие, кои мислат лошо против мојот господар. Еве ги даровите што робинката твоја му ги донесе на својот господар, за да им се разделат на момците, кои му служат на мојот господар. Прости ѝ ја вината на робинката своја; Господ бездруго ќе воздигне за мојот господар цврст дом, зашто мојот господар води Господови војни, и во текот на целиот живот твој зло нема да се најде во тебе. Ако човекот стане да те гони и да ја бара душата твоја, тоа душата на мојот господар ќе биде сврзана со јазелот на животот кај Господа, твојот Бог, а душата на твоите непријатели Он ќе ја отфрли како од праќка. И кога Господ му го направи на мојот господар сѐ она што говореше добро за тебе, и те постави за водач на Израилот, за срцето на мојот господар тоа нема да биде огорчение и неспокојство, дека не пролеал напразно крв, и дека се воздржал од одмазда. Господ ќе му направи добро на мојот господар, и ти ќе си спомниш за робинката своја и ќе ѝ направиш милост.« А Давид ѝ рече на Авигеја: »Благословен Господ, Бог Израилев, Кој те испрати денес во пресрет мој, и благословен да биде твојот разум и благословена да бидеш ти, поради тоа што сега не ме остави да пролевам крв и да се одмаздам за себеси. Но, – жив Господ, Бог Израилев, што ме задржа да не ти направам зло, – ако не беше побрзала и не беше дошла во пресрет мој, тоа утре до разденување јас немаше да му го оставам на Навала ни она, што мокри крај ѕид.« Тогаш Давид го зеде од рацете нејзни она што му го беше донела, и ѝ рече: »Оди си со мир во домот свој; ете, го послушав гласот твој и го почитав лицето твое.« Авигеја дојде кај Навала, и ете, кај него во домот негов гоштевање како царска гозба, и срцето на Навала беше весело; тој беше многу пијан; затоа таа ништо не проговори, ни многу, ни малку, до изутрината. А изутрината, кога Навал се истрезни, и жената негова му раскажа за тоа, срцето негово замре, и тој стана како камен. По десет дена Господ го порази Навала, и тој умре. Чу Давид, дека Навал умрел, и рече: »Благословен Господ, Кој врати за срамот, што ми го нанесе Навал, и Кој го зачува Својот слуга од зло; Господ ја сврти злобата на Навала врз неговата глава.« И Давид испрати да ѝ кажат на Авигеја, дека тој ќе ја земе за жена. И Давидовите слуги дојдоа кај Авигеја на Кармил и ѝ рекоа вака: »Давид нѐ испрати кај тебе, за да те земеме за жена.« Таа стана и се поклони ничкум до земјата и рече: »Ете, робинката твој е готова да биде слугинка, за да им ги мие нозете на слугите на мојот господар.« Авигеја се подготи набрзина, седна на осел и, придружена од пет слугинки, тргна по пратениците на Давида и стана негова жена. А Давид ја зеде и Ахиноам од Израел, та и двете му беа жени. Саул, пак, му ја даде ќерка си Мелхола, Давидовата жена, на Фалтија, синот на Лаиша, од Галим. При Саула во Гива дојдоа зифејци од југ и рекоа: »Ете, Давид се крие кај нас на ридот Ехелат, десно од Јесимон.« Тогаш Саул стана, се спушти во пустињата Зиф, и со него три илјади одбрани мажи израилски, за да го бара Давида во пустињата Зиф. И Саул се улогори на ридот Ехелат, десно од Јесимон, до патот; а Давид, кој се наоѓаше во пустињата, виде, дека Саул оди по него во пустињата; и Давид испрати разузнувачи и дозна, дека Саул навистина дошол од Кеил. И стана Давид и тајно отиде на местото, каде што Саул се беше улогорил, го виде Давид местото, каде што спиеше Саул и военоначалникот негов Авенир, синот Ниров. Саул спиеше во шаторот, а народот се беше сместил околу него. Давид се обрна и им рече на Хетеецот Авимелех и на Авеса, синот на Саруја, Јоавов брат, велејќи: »Кој ќе дојде со мене кај Саула во шаторот?« Авеса одговори: »Јас ќе дојдам со тебе.« Давид дојде со Авеса кај луѓето Саулови ноќе; и ете, Саул лежи заспан во царската кола и копјето му е забодено во земјата при перницата негова; а Авенир и народот лежеа околу него. Авеса му рече на Давида: »Денес Господ го предаде твојот непријател во рацете твои; затоа дозволи, јас ќе го приковам со копје за земјата со еден замав и нема да го повторам ударот.« Но Давид му рече на Авеса: »Не убивај го, зашто кој кренал рака врз помазаник Господов, а останал неказнет?« Давид уште рече: »Жив е Господ. Нека го порази Господ, или ќе дојде денот негов, и тој ќе умре, или ќе отиде во војна и ќе загине; а мене да не ми дава Гсопод да кренам рака врз помазаник Господов; туку земи го копјето негово, што е при перницата негова, и садот со вода, па да си одиме.« Давид го зеде копјето и садот со вода при зглавјето на Саула, и си отидоа; и никој не виде, никој не дозна и никој не се разбуди, а сите спиеја, бидејќи ги беше обзел сон од Господа. Премина Давид од онаа страна и застана на врвот од ридот далеку, а меѓу нив имаше големо растојание. И викна Давид кон народот и кон Авенира, синот Ниров, велејќи: »Авенире, јави се!« Авенир се јави и рече: »Кој си ти, што викаш и го обеспокојуваш царот?« Давид му рече на Авенира: »Нели си маж, и кој е рамен на тебе во Израилот? Зошто тогаш не го чуваш господарот свој, царот? Зашто доаѓаше некој од народот да го убие царот, твојот господар. Ти лошо правиш; жив да е Господ! Вие заслужувате смрт, поради тоа што не го чувате господарот свој, помазаникот Господов. Види, каде е копјето на царот и садот со вода, што беа при зглавјето негово?« И Саул го позна гласот на Давида и рече: »Твојот глас ли е тоа, сине мој Давиде?« И Давид рече: »Мојот глас е, господару мој, царе.« И рече уште: »Поради што господарот мој го гони својот слуга? Што сум направил? Какво зло најде кај мене? А сега мојот господар и цар нека ги ислуша зборовите на својот слуга: ‚Ако Господ те поттикнал против мене, тоа нека биде од тебе жртва; благопријатен мирис; ако, пак, – синови човечки, тогаш проклети да се од Господа, бидејќи тие сега ме изгонија, за да не припаѓам кон наследството Господово; велејќи: – оди и служи им на туѓи богови.‘ Нека не се пролее мојата крв на земјата пред Господа, зашто царот Израилев излезе да бара една болва, како кога се брка еребица по планините.« Тогаш Саул рече: »Јас згрешив; врати се, сине мој Давиде, зашто нема повеќе да ти правам зло, бидејќи денес душата ми беше скапа во твоите очи; безумно постапував јас и многу, многу згрешив.« Давид му одговори и рече: »Еве го копјето на царот; нека дојде еден младич и нека го земе; а Господ нека му даде секому според правдата Негова и според вистината Негова, зашто Господ го предаваше во рацете мои, но јас не посакав да кренам рака врз помазаникот Господов; и, како што денес ти беше скапоцен животот твој во моите очи, така нека се цени и мојот живот во очите на Господа; Он нека ме заштитува и нека ме спаси од секаква неволја!« А Саул му довикна на Давида: »Благословен да си, сине мој Давиде; ти ќе го извршиш она што си го започнал, и бездруго ќе победиш.« И тогаш Давид отиде по својот пат, а Саул се врати во местото свое. И Давид рече во срцето свое: »Ќе паднам некогаш во рацете на Саула; за мене ништо подобро, освен да избегам во Филистејската земја; и Саул ќе престане да ме бара веќе по сите израилски предели, и јас ќе се спасам од рацете негови.« Тогаш Давид стана и отиде, тој и шестотини мажи, кои беа со него, при гетскиот цар Анхус, син Моахов. И Давид живееше при Анхуса во Гет, тој и луѓето негови, секој со челадта своја; Давид и двете жени негови – Израилката Ахиноама и кармелитката Авигеја, бивша Навалова жена. Му јавија на Саула, дека Давид избегал во Гет, и тој веќе не го бараше. И Давид му рече на Анхуса: »Ако сум се здобил со милост во очите твои, нека ми биде дадено место во еден мал град, и јас ќе живеам таму; зашто твојот роб да живее во царскиот град заедно со тебе?« Тогаш Анхус му го даде градот Секелаг; затоа Секелаг и остана за царевите јудејски до денес. Сето време, што Давид го помина во Филистејската земја, беше година и четири месеци. И Давид излегуваше со луѓето свои и ги напаѓаше Јесурците и Јерзејците и Амаликијците, кои одамна ја населуваа таа земја до Сур и дури до Египетската земја. И Давид ја опустошуваше таа земја и не оставаше живи ни мажи, ни жени, и заграбуваше овци и волови, и осли и камили и облека и се враќаше и доаѓаше при Анхуса. И Анхус го праша Давида: »Каде нападнавте денес?« Давид одговори: »Кон југ на Јудеја, кон југ на Јерахмеел и кон југ на Кенеја.« Давид не оставаше живи ни мажи, ни жени, и не ги доведуваше во Гет, велејќи: »Тие можат да ни наклеветат, и да кажат: тоа и тоа направи Давид, и такви му се постапките за сето време, додека живееше во Филистејската земја.« А Анхус му се довери на Давида, велејќи си: »Тој стана намразен од народот свој Израилот и си рече ќе ми биде слуга засекогаш.« Во тоа време Филистејците ги собраа војските свои за војна, за да војуваат против Израилот. А Анхус му рече на Давида: »Знај дека и ти ќе тргнеш со мене во борба, ти и твоите луѓе.« Давид му рече на Анхуса: »Сега ќе дознаеш, што ќе направи твојот слуга.« Анхус, пак му рече на Давида: »Затоа ќе те направам пазител на мојата глава засекогаш.« Самуил беше умрел, и го оплакуваа сите Израилци и го погребаа во Рама, во неговиот град. А Саул ги беше изгонил меѓепсниците и гатачите од земјата. Се собраа Филстејците и отидоа, та се улогорија во Сонам; го собра и Саул сиот народ израилски и се улогорија во Гелвуја. Саул го виде филистејскиот логор и се исплаши, и силно му затрепери срцето. Тогаш Саул го запраша Господа; но Господ не му одговараше ни на сон ни преку урим, ни преку пророците. И им рече Саул на слугите свои: »Најдете ми жена маѓепсница, и јас ќе одам кај неа и ќе ја прашам.« И му одговорија неговите слуги: »Тука во Аендор има жена маѓепсница.« И ги соблече Саул алиштата свои и облече други, и тргна тој и двајца луѓе со него, и дојдоа кај жената ноќе. И ѝ рече Саул: »Те молам, гледај ми, и извикај ми, кого што ќе ти кажам.« Но жената му одговори: »Ти знаеш, што направи Саул, знаеш дека тој ги истера од земјата гатачите и гледачите; зошто тураш стапица на душата моја, за да ме погубиш?« И Саул ѝ се заколна во Господа, велејќи: »Жив ми Господ, нема да ти се случи ништо лошо за тоа.« Тогаш жената праша: »А кого да ти го извикам?« Тој одговори: »Извикај ми го Самуила.« И жената го виде Самуила и – високо извика; жената се обрна кон Саула и рече: »Зошто ме излага? Ти си Саул.« Царот ѝ рече: »Не плаши се; кажи што гледаш?« Жената одговори: »Гледам како ѓоа Господ излегува од земјата.« »Каков е тој на изглед?« – праша Саул. Таа одговори: »Излегува од земјата престар маж, облечен во долга облека.« Тогаш Саул дозна, дека е тоа Самуил, падна ничкум на земјата и се поклони. И Самуил му рече на Саула: »Зошто ме обеспокојуваш да излегувам?« А Саул одговори: »Многу ми е тешко; Филистејците војуваат против мене, а Бог отстапи од мене и повеќе не ми одговара ни преку пророци, ни на сон, ни во видение; затоа те повикав, за да ме поучиш, што да правам.« Самуил одговори: »А зошто ме прашуваш мене, кога Господ отстапил од тебе и станал твој непријател? Господ ќе ти го направи тоа, што го говореше преку мене: ќе го одземе Господ царството од рацете твои и ќе му го даде на твојот близок, на Давида. Бидејќи ти не го послуша гласот Господов и не го исполни Неговиот јаросен гнев врз Амалика, Господ и го врши тоа сега над тебе. Господ ќе го предаде Израилот заедно со тебе во филистејски раце; утре ти и твоите синови ќе бидете со мене, а логорот израилски Господ ќе го предаде во филистејски раце.« Тогаш Саул наеднаш падна со целото тело свое на земја, бидејќи многу се исплаши од зборовите на Самуила; притоа и сила немаше во него, зашто не беше јадел леб целиот тој ден и цела ноќ. Тогаш онаа жена се приближи до Саула и виде, дека тој многу се уплашил, и рече: »Ете, слугинката твоја го послуша гласот твој, го изложи животот свој на опасност и ја изврши заповедта, што ти ми ја даде; сега, молам, послушај го и ти гласот на слугинката твоја: јас ќе ти изнесам залче леб, касни си, и ќе имаш сила, кога ќе тргнеш на пат.« Но тој откажа, велејќи: »Нема да јадам.« И почнаа да го советуваат луѓето негови, а исто така и жената; и тој го послуша гласот нивни, стана од земјата и седна на леглото. А жената имаше в куќи згоено теле, и побрза та го закла, заде брашно, па замеси и испече погача, и им принесе на Саула и на слугите негови, и тие каснаа, станаа и заминаа истата ноќ. Филистејците ги собраа сите свои доброволни чети во Афек, а Израилците се улогорија при изворот, кој е во Језраел. Кнезовите филистејски врвеа со стотици и илјади, а Давид и луѓето негови одеа зад нив со Анхуса. И говореа кнезовите филистејски: »Какви се тие Евреи?« Анхус им одговараше на кнезовите филистејски: »Зар не знаете, дека е тоа Давид, слугата на Саула, царот израилски? Тој е кај мене повеќе од една година, и јас не најдов кај него ништо лошо, откако е дојден до денес.« И почнаа да негодуваат против него кнезовите филистејски и му рекоа: »Испрати го тој човек; нека си оди на местото, што си му го определил, за да не оди со нас во војна и да не стане наш противник во војната. Со што може да го смилостиви господарот свој, ако не со главите на овие наши луѓе? Не ли е тоа оној Давид, на кого му пееја во хоровите, велејќи: Саул порази илјади, а Давид – десетици илјади?« И Анхус го повика Давида и му рече: »Жив Господ! Ти си чесен, и на очите мои би им било мило да излегуваш и да влегуваш со мене во моето војување; зашто јас не сум забележал во тебе ништо лошо, откако си дојден при мене дури до денес; но во очите на кнезовите ти не си добар. Затоа, врати се сега, оди си со мир и не ги дразни кнезовите филистејски.« Но Давид му рече на Анхуса: »Што сум направил и што си нашол кај твојот слуга, откако сум пред лицето твое и до денес? Зошто да не одам и да не војувам против непријателите на мојот господар, царот?« Анхус му одговори на Давида: »Биди уверен, дека во очите мои ти си добар како ангел Божји; но кнезовите филистејски рекоа: ‚Нека не доаѓа тој со нас во војна.‘ Затоа стани утре рано, ти и слугите на господарот твој, што дошле со тебе и одете во местото, што ви го определив, и немој да имаш лоша мисла во срцето свое, зашто пред мене ти си добар; станете утре рано и, штом ќе се раздени, одете.« И Давид стана, тој и луѓето негови, за да тргнат рано изутрината и да се вратат во земјата Филистејска. А Филистејците отидоа да војуваат во Језраел. На третиот ден, откако Давид и луѓето негови тргнаа за Секелаг; Амаликијците го нападнаа Секелаг од југ, го презедоа и го изгореа со оган; жените, пак, и сите што беа во него, од мал до голем, не ги убија, туку ги одведоа во плен и отидоа по патот свој. Се приближи Давид и луѓето негови до градот, и ете, тој е изгорен со оган, а жените нивни, синовите нивни и ќерките нивни се земени во плен. Давид и народот, што беше со него, зедоа да викаат и да плачат, додека имаше сила во нив за плачење. Беа земени во плен и двете жени Давидови: Ахиноама, Израилката, и Авигеја, бившата Навалова жена, Кармелитката. Давид беше многу збунет, бидејќи народот сакаше да го убие со камења; зашто сиот народ страдаше во душата, секој за синовите свои и за ќерките свои. Но Давид се закрепи со надежта во Господа, својот Бог; и му рече Давид на свештеникот Авијатар, син Ахимелехов: »Донеси ми го ефодот.« И Авијатар му го однесе ефодот на Давида. Давид го праша Господа, велејќи: »Да го гонам ли тоа мноштво, и ќе ги стигнам ли?« А одговорот му беше: »Гони, ќе стигнеш и ќе ги избавиш.« И тргна Давид, тој и шестотини мажи, што беа со него; и дојдоа до потокот Восор, каде што изморените застанаа. И ги гонеше Давид, тој сам со четиристотини души; а двестете души останаа, зашто немаа сила да го преминат Восорскиот поток. Најдоа еден Египјанин во полето, го доведоа кај Давида, му дадоа леб, тој јаде, и го напоија со вода; и му дадоа дел од низа смокви и два грозда суво грозје, и тој јадеше и се поткрепи, зашто не беше јадел леб и не беше пиел вода три дни и три ноќи. Тогаш Давид го праша: »Чиј си ти и од каде си?« Тој одговори: »Јас сум момок Египтјанец, слуга на еден Амаликиец, и мојот господар ме остави, бидејќи се разболев име веќе три дни; ние навлеговме во јужниот дел на Хелет и во областа Јудина и во јужниот дел на Хаклев, а Секелаг го изгоревме со оган.« А Давид го запраша: »Ќе ме одведеш ли до тие луѓе.« Тој одговори: »Заколни ми се во Бога, дека нема да ме убиеш и нема да ме предадеш во рацете на господарот мој, и јас ќе те одведам до тие луѓе.« Давид му се заколна, и тој ги поведе. И ете, Амаликијците, распрснати по целата таа земја, јадеа и пиеја и празнуваа поради големиот плен, што го беа зеле од земјата Филистејска и од земјата Јудејска. И ги нападна и ги поразуваше Давид од утринските мугри до вечерта на другиот ден, и никој од нив не се спаси, освен четиристотини момчиња, што се качија на камили и избегаа. И Давид одзеде сѐ, што беа го зеле Амаликијците, ги одзеде Давид и двете жени свои, и не се изгуби кај нив ништо, ни мало, ни големо, ни синови, ни ќерки, ни пленот, ниту нешто од она, што го беа зеле од нив Амаликијците: сѐ врати Давид. И Давид го зеде сиот ситен и крупен добиток; и неговите луѓе одеа пред тој добиток и говореа: »Ова е Давидов плен.« Давид дојде кај оние двесте души, кои немаа сила да одат по нив, и кои ги беше оставил кај потокот Восор, и тие излегоа да го пречекаат Давида и луѓето, кои беа со него. Давид се приближи до тие луѓе и ги поздрави. Тогаш лошите и неранимајковците, што беа оделе со Давида, почнаа да зборуваат: »Поради тоа што тие не одеа со нас, нема да им дадеме од пленот, што го одзедовме; секој нека си ја земе само жената и децата и да си оди.« Но Давид рече: »Не правете така, браќа мои, откако Господ ни го даде тоа и нѐ зачува и ни го предаде во рацете мноштвото луѓе што доаѓаше против нас. И кој ќе ве послуша во тоа? Тие не се подолни од нас. Каква е честа на оние, што одеа во војна, таква чест треба да има и за оние, што останаа кај комората; меѓу сите треба да се подели.« Така стана тоа, од тоа време и понатаму; и тој го постави тоа како закон и правило за Израилот до денес. И дојде Давид во Секелаг и од пленот им испрати на старешините Јудини, свои пријатели, велејќи: »Ете ви подарок од пленот, земен од непријателите Господови.« Им испрати и на оние, што се во Ветил и во јужен Рамот, во Јетир и во Гетор, во Ариор, и во Амад, во Шифмот, и на оние во Естемоа и во Гет, во Кинан, во Сафен, во Тимат и во Рахал, во градовите јерахмеелски и во градовите кенејски, во Хорма, и во Хорашан, во Атах и во Хервон, и по сите места, каде што Давид беше одел, тој и луѓето негови. А Филистејците војуваа против Израилците, и мажите израилски избегаа од Филистејците и паднаа победени на планината Гелвуј. Филистејците го стигнаа Саула и синовите негови; Филистејците го убија Јонатана, Аминадава и Малхиуса, Саулови синови. Битката против Саула стана жестока, и стрели од лакови го поразуваа; тој беше многу ранет од стрелите. Тогаш Саул му рече на оруженосецот свој: извади го мечот и заколи ме со него, да не дојдат оние необрезани и да ме убијат и да не се подигруваат со мене. Но оруженосецот не сакаше, бидејќи многу се плашеше. Тогаш Саул го зеде мечот и се фрли врз него. Оруженосецот негов, кога виде дека Саул умре, и самиот падна врз мечот свој и умре со него. Така умреа во тој ден Саул и трите синови негови и оруженосецот негов, а исто така и сите луѓе негови заедно. Израилците кои живееја кон долината и од оваа страна на Јордан, откако видоа, дека луѓето израилски избегаа и дека Саул умре и синовите негови, ги напуштија градовите свои и избегаа, а Филистејците дојдоа и се населија во нив. На другиот ден Филистејците дојдоа да ги ограбуваа убиените и го најдоа Саула и тројцата синови, што беа паднале на Гејвулската планина. Го свртеа и му ја пресекоа главата, го симнаа од него оружјето и испратија по целата Филистејска земја, да го разгласат тоа по идолските светилишта и на народот; и го положија оружјето негово во идолското светилиште на Астарта, а телото негово го закачија на ѕидот Вет-Сански. Жителите на Јавис Галадски слушнаа за тоа што направија Филистејците со Саула; се кренаа сите силни луѓе, одеа цела ноќ, го зедоа телото на Саула и телата на синовите негови од ѕидот Вет-Сански, дојдоа во Јавис и таму го изгореа; ги зедоа коските нивни и ги погребаа под дабот во Јавис, и постеа седум дена. По Сауловата смрт, кога Давид се врати по разбивањето на Амаликијците и престојуваше во Секелаг два дена, ете, на третиот ден доаѓа човек од Сауловиот логор; облеката му е испокината и на главата има прав. Штом дојде кај Давида, падна на земја и му се поклони. И Давид го праша: »Од каде доаѓаш?« Тој одговори: »Избегав од Израилскиот логор.« Давид пак го праша: »Што стана? Раскажи ми.« А тој одговори: »Народот се разбега од битката, и многу народ падна и изумре; умреа и Саул и синот негов Јонатан.« Давид го праша момчето што му раскажуваше: »Од каде знаеш дека Саул и синот негов Јонатан умреле?« А момчето, што му раскажуваше, рече: »Јас случајно отидов на Гелвујската гора, и ете, Саул падна врз копјето свое, а колите и коњаниците го стигнаа. Тогаш тој се сврте назад и, откако ме виде, ми викна. И јас реков: ‚Еве ме.‘ Тој ме праша: ‚Кој си ти?‘ Јас му одговорив: ‚Јас сум Амаликиец.‘ Тогаш тој ми рече: ‚Дојди кај мене и убиј ме, зашто смртна тага ме опфатила, но душата моја сѐ уште е во мене.‘ И јас се приближив до него и го убив, бидејќи знаев, оти тој нема да остане жив по паѓањето свое; и го зедов царскиот венец, што беше на главата негова, и гривната, што беше на раката негова, и ги донесов тука на господарот свој.« Тогаш Давид се фати за облеката своја и ја раскина, исто така и сите луѓе, што беа со него, ги раскинаа алиштата свои, и липаа, и плачеа и постеа до вечерта за Саула и за синот негов Јонатан, и за народот Господов и за домот Израилев, поради тоа што беа загинале од меч. Давид, пак, го запраша момчето, што му раскажуваше: »Ти од каде си?« А тој му одговори: »Јас сум син на еден придојден Амаликиец.« Тогаш Давид му рече: »Како не се исплаши да кренеш рака, за да убиеш помазаник Господов?« И Давид повика еден од момците и му кажа: »Дојди и убиј го!« И оној го уби, и тој умре. И Давид му рече: »Твојата крв нека биде врз главата твоја, бидејќи твојата уста сведочеше против тебе, кога велеше: ‚Го убив помазаникот Господов.‘« Потоа Давид го оплака Саула и синот негов Јонатана со оваа плачевна песна, заповедајќи им на синовите Јудини да научат да фрлаат лак, како што е напишано во книгата на праведникот, и рече: »Твојата убавина, о Израиле, е погубена врз твоите височини! Како паднаа силните! Не раскажувајте во Гет, не разгласувајте по улиците на Аскалон, да не се радуваат ќерките филистејски, да не ликуваат ќерките на необрезаните. Гори Гелвујски, да не паѓа на вас ни роса, ни дожд, ниту да има по вас полиња со плодови, зашто таму е фрлен штитот на Саула, како да не беше тој помазан со елеј. Без крв од ранети, без мрс од силни, лакот Јонатанов не се враќаше назад, ниту мечот Саулов се враќаше празен. Саул и Јонатан, сакани и сложни во животот свој, не се разделија ни во смртта своја; тие беа побрзи од орлите, посилни од лавовите. Ќерки Израилеви, плачете за Саула, кој ве облекуваше во пурпурна облека со украси и ги китеше со златни накити облеките ваши! О, како паднаа силните во борбата! Загина Јонатан на твоите височини. Жалам за тебе, брате Јонатане; ти ми беше многу мил; твојата љубов за мене беше поголема од женската љубов. Како паднаа силните, како загина бојното оружје!« Потоа Давид Го праша Господа, велејќи: »Да отидам ли во некој од Јудините градови?« И Господ му рече: »Оди.« Давид пак праша: »Каде да одам?« И Он му рече: »Оди во Хеврон.« И Давид отиде таму со двете жени свои: Израелката Ахиноама и Камелитката Авигеја, бивша Навалова жена. Давид ги одведе и луѓето, што беа со него, секој со челадта своја, и се населија во градот Хеврон. И дојдоа мажите Јудини и таму го помазаа Давида за цар над Јудиниот дом. Тогаш му јавија на Давида, дека жителите од Јавис Галадски го погребале Саула. И Давид испрати претеници до жителите на Јавис Галадски да им кажат: »Благословени да сте пред Господа, поради тоа што ја направивте таа милост на господарот свој Саула, помазаникот Господов, и што сте го погребале и синот негов Јонатана; и Господ нека ве награди со милост и вистина; и јас ќе ви направам добро, поради тоа што го направивте вие ова. А сега нека се зацврстат рацете ваши и бидете храбри, зашто господарот ваш Саул умре, и домот Јудин ме помаза мене за цар над себеси.« Но Авенир, Нировиот син и војвода над Сауловата војска, го зеде Јевостеја, Сауловиот син, го одведе во Маханаим, и го постави за цар над Галад, Ашур и Језраел, над Ефрема и Венијамина и над сиот Израил. А Јевостеј, Сауловиот син, беше на четириесет години, кога се зацари над Израилот, и царуваше две години. Само Јудиниот дом остана со Давида. Сето време, во кое Давид царуваше во Хеврон над Јудиниот дом, беше седум години и шест месеци. Потоа отиде Авенир, Нировиот син, и слугите на Сауловиот син Јевостеј, од Маханаим во Гаваон. Излезе и Јоав, синот Саруев, со Давидовите слуги и се сретнаа при Гаваонскиот поток, и застанаа еден од едната страна на потокот, а другиот – од другата страна на потокот. А Авенир му рече на Јоава: »Нека станат момците и нека се борат пред нас.« И Јоав рече: »Нека станат.« И станаа, та отидоа дванаесет Венијаминци од страната на Јевостеја, Сауловиот син, и дванаесетте Давидови слуги. И тие се фатија еден со друг за главите, си забија еден на друг меч во слабините и паднаа заедно. И тоа место беше наречено Хелкат-Хасурим, кое е во Гаваон. И во оној ден стана многу жестока борба, а Авенир со Израилските луѓе беше победен од Давидовите слуги. Таму беа тројца синови Саруеви: Јоав, Авеса и Асаил. А Асаил беше со лесни нозе, како срна во полето. Асаил почна да го гони Авенира и го гонеше, а да не скршнува ни десно, ни лево од стапките на Авенира. Авенир се сврте назад и рече: »Ти ли си, Асаиле?« Тој одговори: »Јас сум.« И Авенир му рече: »Скршни десно или лево, избери си еден од момците и земи го неговото оружје.« Но Асаил не сакаше да го остави. И Авенир повторно му рече на Асаила: »Остави ме, да не те соборам на земја; со какво лице тогаш ќе се јавам пред братот твој Јоава?« Но оној не сакаше да отстапи. Тогаш Авенир го сврти копјето и го прободе во стомахот; копјето мина низ него, и тој падна таму и умре на местото. Сите што минува низ тоа место, каде што беше паднал и умрел Асаил, застануваа. Јоав и Авеса го гонеа Авенира. Сонцето веќе беше зајдено кога стигнаа до ридот Ама, спроти Гај, на патот за Гаваонската пустиња. А Венијаминовите синови се собраа околу Авенира и образуваа чета и застанаа на врвот од еден рид. И Авенир извика кон Јоава и рече: »Вечно ли меч ќе истребува? Или не знаеш, дека подоцнежните ќе бидат горчливи? И кога ќе им кажаш на луѓето да престанат да ги гонат браќата свои?« А Јоав рече: »Жив Бог! Ако ти не говореше поинаку, уште ова утро луѓето сакаа да престанат да ги гонат браќата свои.« И Јоав затруби со труба и сиот народ застана, и повеќе не ги гонеа Израилците; битката престана. Авенир, пак, и луѓето негови врвеа преку полето цалата таа ноќ, го преминаа Јордан, минаа преку целиот Витрон и стигнаа во Маханаим. Се врати и Јоав од гонењето на Авенира и го собра сиот народ, а од Давидовите слуги, освен Асаила, недостигаа деветнаесет души. А Давидовите слуги ги поразија Венијаминовите и Авенировите луѓе, од кои паднаа триста и шеесет души. И го зедоа Асаила и го погребаа во Витлеем, во татковиот му гроб. А Јоав со луѓето свои одеше цела ноќ и во зорите стигна во Хеврон. Борбата меѓу Сауловиот дом и Давидовиот дом траеше долго. Давид сѐ повеќе се засилуваше, а Сауловиот дом сѐ повеќе ослабнуваше. На Давида му се родија синови шест во Хеврон. Првороден му беше Амион од Израелката Ахиноама, а вториот син му беше Далуја од Кармелитката Авигеја, бивша Навалова жена; третиот – Авесалом, син на Мелха, ќерка на Толми, гесурскиот цар; четвртиот – Адонија, син на Агита; петтиот Сафатија, син Авиталинов; шестиот Јетерам од Егла, Давидова жена. Тие му се родија на Давида во Хеврон. И додека траеше борбата меѓу Сауловиот дом и Давидовиот дом, Авенир го поддржуваше Сауловиот дом. Саул имаше наложница, по име Рисфа, ќерка на Аја. И Авенир влезе при неа. И му кажа Јевостеј на Авенира: »Зошто влезе при татковата ми наложница?« Авенир многу се налути од зборовите на Јевостеја и рече: »Зар сум јас песја глава? Јас денес направив милост кон домот на татко ти Саула, кон браќата негови и пријателите нагови против Јуда, и не те предадов во рацете на Давида, а ти сега заради една жена бараш во мене грев! Господ нека му направи тоа и тоа на Авенира, и уште повеќе да му додаде! Како што Господ му се заколна на Давида, така и нека направи денес за него: Нека се одземе царството од Сауловиот дом и да се постави Давид на престолот над Израилот и над Јуда, од Дан до Вирсавија.« И Јевостеј не можеше ништо повеќе да му одговори на Авенира, бидејќи се плашеше од него. А Авенир испрати од своја страна пратеници до Давида во Хеврон, каде што се наоѓаше, да кажат: »Чија е оваа земја?« и да му кажат уште: »Склучи сојуз до мене, и раката моја ќе биде со тебе, за да го свртам кон тебе сиот израилски народ.« Давид му одговори: »Добро, ќе склучам со тебе сојуз, само за едно те молам, односно – ти нема да го видиш лицето мое, ако не ја доведеш со себе Мелхола, Сауловата ќерка, кога ќе дојдеш да се видиш со мене.« Тогаш Давид испрати пратеници до Јевостеја, Сауловиот син, да му кажат: »Врати ја жена ми Мелхола, која ја добив за сто филистејски краеобрезоци.« Тогаш Јевостеј испрати, та ја зеде од мажот нејзин Фалтија, Лаишев син. Со неа тргна и мажот нејзин и со плачење ја придружи до Бахурим; но Авенир му рече: »Врати се!« И тој се врати. Авенир се обрна кон старешините Израилеви, велејќи: »И вчера и завчера вие сакавте Давид да ви биде цар; направете го тоа сега, зашто Господ му рекол на Давида: ‚Преку раката на Мојот слуга Давида ќе го спасам народот свој Израил од раката на Филистејците и од раката на сите непријатели негови.‘« Истото им го говореше Авенир и на Венијаминовците. И отиде Авенир во Хеврон, за да му јави на Давида сѐ, што сака Израил и целиот Венијаминов дом. Авенир дојде при Давида во Хеврон и заедно со него дваесет мажи, а Давид ги нагости Авенира и луѓето, што беа со него. Авенир му рече на Давида: »Ќе станам и ќе одам да го соберам околу господарот свој сиот израилски народ, и тие ќе стапат во завет со тебе, и ти ќе царуваш над сите, како што сака душата твоја.« Тогаш го отпушти Авенира, и тој си отиде со мир. И ете, Давидовите слуги задно со Јоава се вратија од походот и донесоа со себе голем плен; но Авенира го немаше веќе при Давида во Хеврон, зашто Давид го беше испратил, и тој си беше отишол со мир. Кога Јоав и сета војска, што беше одела со него, дојдоа, му раскажаа на Јоава: доаѓаше Авенир, Нировиот син, при царот, и тој го испрати, и тој си отиде со мир. И Јоав дојде при царот и рече: »Што си направил? Ете, Авенир доаѓал при тебе, зошто си го испратил и тој си отишол? Ти го знаеше Авенира, Нировиот син: тој доаѓа да те излаже, да дознае, каде влегуваш и излегуваш, и да извиди си што вршиш.« Јоав излезе од Давида и испрати брзоотци по Авенира; и тие го вратија од кладенецот Сира, без да знае Давид. Кога Авенир се врати во Хеврон, Јоав го одведе внатре зад вратата, божем ќе зборува со него тајно, и таму го прободе во стомакот. И Авенир умре за крвта на Асаила, Јоавовиот брат. Подоцна, кога чу Давид за тоа, рече: »Не сум виновен јас ниту царството мое пред Господа засекогаш за крвта на Авенира, Нировиот син; нека падне таа врз главата на Јоава и врз целиот негов татков дом; во домот на Јоава секогаш нека има човек со семетечение, или лепрозен, или што се потпира на стап, или кој паѓа од меч, или кој има потреба од леб.« А Јоав и братот негов Авес го убија Авенира, поради тоа што тој го уби братот нивни Асаил во битката при Гаваон. И Давид му рече на Јоава и на сите луѓе, што беа со него: »Раскинете ги алиштата свои и облечете се во вреќишта и оплакувајте го Авенира.« И царот Давид одеше по носилката негова. Кога го погребаа Авенира во Хеврон, царот плачеше со висок глас над Авенировиот гроб; плачеше и сиот народ. И царот го оплака Авенира, со оваа тажачка: »Зар како безумник требаше да умре Авенир? Рацете твои не беа врзани, нозете твои не беа оковани; и ти падна, како што паѓаат од разбојници.« Тогаш целиот народ почна уште повеќе да го оплакува. Тогаш сиот народ дојде да му поднесе на Давида леб, додека уште не беше се стемнило, но Давид се заколна, велејќи: »Нека ми напарви Бог тоа и тоа и уште повеќе да ми направи, ако каснам леб или нешто друго до зајдисонце.« И целиот народ дозна за тоа, и тоа му се допадна, и сѐ што правеше царот, му се допаѓаше на сиот народ. Тој ден целиот народ и сите Израилци дознаа, дека убиството на Авенира, Нировиот син, не станало од царот. Тогаш царот им рече на слугите свои: »Знаете ли, дека денес еден водач и голем маж падна во Израилот? Јас сум сега уште слаб, иако сум помазан за цар, а тие луѓе, Саруевите синови, се посилни од мене; но на оној, кој што прави зло, Господ да му врати според злобата негова.« Сауловиот син Јевостеј, откако чу, дека Авенир умрел во Хеврон, му отпаднаа рацете, и целиот Израил се збуни. Сауловиот син Јевостеј имаше двајца воени началници; едниот се викаше Вана, а другиот – Рихав, синови на Вееротеецот Ремон, од Венијаминовите потомци, бидејќи и Веерот се вбројуваше кон Венијамина. И Вееротците избегаа во Гитаим и таму останаа како придојдени до денес. Јонатан, Сауловиот син, имаше син куц. Синот беше на пет години, кога од Израил дојде известување за Саула и Јонатана, а хранителката, откако го зела, избегала. Бидејќи таа бегала брзо, тој паднал и останал сакат. Името му беше Мемфивостеј. И синовите на Вееротеецот Ремон, Рихав и Вана, тргнаа и стигнаа по најголемата дневна горештина до куќата на Јевостеј, којшто спиеше попладне во леглото свое. А вратарот на куќата, кој чистеше пченица, беше задремал и заспал; Рихав и братот негов Вана влегоа во куќата, ѓоа да земат пченица, го прободоа во стомахот и избегаа. Кога тие влегоа во куќата, Јевостеј лежеше на леглото свое, во својата спална; тие го удрија и го убија; ја пресекоа главата негова, ја зедоа со себе и цела ноќ одеа по пустињскиот пат; му ја донесоа на Давида во Хеврон Јевостеевата глава и му рекоа на царот: »Еве ја главата на Јевостеј, синот на Сула, твојот непријател, којшто ја бараше душата твоја; сега Господ се одмазди за мојот господар – царот Саула (твојот непријател) и на потомството негово.« Давид му одговори на Рихава и на братот негов Вана, синови на Вееротеецот Ремон, и им рече: »Жив е Господ, Кој ја спаси душата моја од секаква жалост! Ако тогаш, којшто ми донесе известување, велејќи: ‚Ете, умре Саул и Јонатан‘, и којшто се мислеше за радосен известител, јас го фатив и го убив во Секелаг, неместо да му дадам награда, тоа сега, кога невредници убија невин човек во куќата негова, во неговото легло, зар нема да ја побарам крвта негова од вашата рака и нема да ве истребам од земјата?« И Давид им заповеда на слугите, и тие ги убија, им ги пресекоа рацете и нозете нивни и ги обесија крај базенот за вода во Хеврон. А Јевостеевата глава ја зедоа и ја погребаа во гробот на Авенир во Хеврон. Тогаш сите Израилеви племиња дојдоа кај Давида во Хеврон и рекоа: »Ете, ние сме твои коски и твоја плот; уште вчера и завчера, додека царуваше Саул над нас, ти го изведуваше и го воведуваше Израилот; и Господ ти рече: ‚Ти ќе го пасеш Мојот народ, Израилот, и ти ќе бидеш водач на Израилот.‘« Тогаш сите Израилеви стерешни дојдоа кај царот во Хеврон, и царот Давид склучи со нив завет пред Господа во Хеврон; и го помазаа Давида за цар над сиот Израил. Давид беше на триесет години, кога се зацари; тој царуваше четириесет години. Во Хеврон царуваше над Јуда седум години и шест месеци, а во Ерусалим царуваше триесет и три години над целиот Израил и над Јуда. Царот тргна за Ерусалим заедно со луѓето свои против Евусејците, жители од оној крај; но тие му велеа на Давида: »Ти нема да влезеш тука; слепите и сакатите ќе те избркаат«, – тоа значеше: Давид нема да влезе тука. Но Давид ја презеде тврдината Сион: Тоа е Давидовиот град. Тој ден Давид рече: »Секој, убивајќи Евусејци, нека поразува со копје и сакати и слепи, што ја мразат душата Давидова.« Затоа и се вели: »Слеп и сакат нема да влезе во домот Господов.« И Давид се насели во тврдината, и ја нарече Давидов град, и изгради наоколу ѕид од крајот, па сѐ до внатре. И Давид напредуваше и се воздигаше, и Господ Бог Саваот беше со него. Тирскиот цар Хирам испрати при Давида пратеници и кедрово дрво, дрводелци и каменоделци, и тие му изградина на Давида дом. Давид разбра, дека Господ го одредил за цар над Израилот и го воздигнал царството негово заради Својот народ, Израилот. Давид си зеде уште наложници и жени од Ерусалим, откако дојде од Хеврон. И му се родија на Давида уште синови и ќерки. Еве ги имињата на оние, што му се родија во Ерусалим: Самус, Совав, Натан и Соломон, Евеар, Елисуа, Нафек, и Јафија, Елисама, Елидае, и Елифалет, Самае, Јосиват, Натан, Галиман, Еваар, Теисус, Елифалат, Нагев, Нафек, Јонатан, Леасамис, Валимат и Елифат. Кога Филистејците слушнаа, дека Давид е помазан за цар на Израилот, сите Филистејци се кренаа да го бараат Давида. Давид чу и отиде во тврдината. А Филистејците дојдоа и се сместија во Рефаимската долина. И Давид го запраша Господа, велејќи: »Да одам ли против Филистејците? Ќе ги предадеш ли во рацете мои?« А Господ му одговори на Давида: »Оди, зашто Јас ќе ги предадам Филистејците во рацете твои.« Тогаш Давид отиде во Ваал – Перасим и таму ги порази, и рече Давид: »Господ ги однесе пред мене непријателите мои, како вода што однесува.« Поради тоа и она место се нарече Ваал – Перасим. Таму Филистејците ги оставија идолите свои, а Давид со луѓето свои ги зеде и заповеда да ги изгорат на оган. Филистејците, пак, дојдоа и се улогорија во Рефаимската долина. А Давид Го праша Господа: »Да одам ли против Филистејците, и ќе ги предадеш ли во рацете мои?« Господ му одговори: »Немој да им излегуваш во пресрет, туку заобиколи ги одзади и нападни ги откај горичката на црници. Кога ќе чуеш шум како да минува некој по врвовите на црниците, тогаш појди, зашто тогаш Господ тргнал пред тебе, за да ја порази филистејската војска.« Давид пак собра избрани луѓе од Израилот, триесет илјади. Па стана и тргна Давид и сиот народ, што беше со него, од Ваал Јудин, за да го пренесе оттаму Божјиот ковчег, над кој се повикува името на Господа Саваот, Кој седи на херувими. И го поставија Божјиот ковчег на нова кола и го изнесоа од Аминадавовата куќа, која беше на ридот. А синовите Аминадавови, Оза и Ахио ја водеа новата кола. Ја поведоа со Божјиот ковчег од Аминадавовата куќа, која беше на ридот; и Ахио одеше пред Ковчегот Господов. А Давид и сите синови Израилеви свиреа пред Господа на различни свирки од кипарисово дрво, на гусли, на псалтири, на тимпани, на цитри и на кимвали. И кога дојдоа до Нахаровото гумно, Оза посегна со раката кон Божјиот ковчег за да го придржи, и се фати за него, бидејќи воловите го беа наведнале. Но Господ се разгневи на Оза, и за дрскоста Бог го порази на истото место, и тој умре таму при Божјиот ковчег. Давид се нажали поради тоа што Господ го порази Оза. Тоа место и до сега се нарекува Озов пораз. Тој ден Давид се исплаши од Господа и рече: »Како ќе дојде кон мене Ковчегот Господов?« И Давид не сакаше да го пренесе Ковчегот Господов кај себе, во Давидовиот град, и го остави во куќата на Гетеецот Аведар три месеци, и Господ го благослови Аведара и целиот негов дом. И остана Ковчегот Господен во домот на гетеецот Аведар три месеци; и Господ го благослови Аведара и сиот негов дом. Кога му јавија на цар Давида и му рекоа: »Господ го благослови Аведаровиот дом и сѐ што е во него, поради Божјиот ковчег«, Давид отиде и свечено го пренесе Божјиот ковчег од Аведаровата куќа во Давидовиот град. И штотуку оние, што го носеа ковчегот Господов, изминаа шест чекори, тој принесуваше жртва по едно јунче и по еден овен. Давид скокаше со сета сила пред Господа, а беше облечен со ленен ефод. Така Давид и целиот Израилев дом го носеа ковчегот Господов со извици и звуци од труба. Кога Ковчегот Господов влегуваше во Давидовиот град, Мелхола, Сауловата ќерка, гледаше од прозорецот нејзин и, откако го виде царот Давида како скока и игра пред Господа, го презре во срцето свое. Го донесоа Ковчегот Господов и го поставија на местото негово среде скинијата, која Давид ја беше направил за него: и Давид принесе сепаленици пред Господа и мирни жртви. Кога Давид заврши со принесувањето сепаленици и мирни жртви, тој го благослови народот во името на Господа Саваот; и му раздаде на сиот народ, на целото множество Израилци од Дан дури до Вирсавија, и на мажи и на жени, на секого по еден леб, по парче печено месо и по еден колач од суво грозје. Потоа сиот народ се разотиде, секој во куќата своја. Кога се врати Давид, за да го благослови домот свој, Мелхола, Сауловата ќерка, излезе да го пречека и му рече: »Колку се прослави денес царот Израилев, разголувајќи се пред очите на слугинките од слугите свои, како што се разголува прост човек.« А Давид ѝ одговори на Мелхола: »Пред Господа ќе играм; и благословен е Господ, Кој ме претпостави пред татко ти твој и пред целиот дом негов, поставувајќи ме за водач на народот Господов, Израилот; пред Господа ќе свирам и ќе играм; и уште повеќе ќе се понизам, и уште победен ќе станам пред очите свои, и при сето тоа, пред слугинките, за кои што говориш, јас ќе бидам славен.« А Мелхола, Сауловата ќерка, остана без рожба до денот на смртта своја. Кога царот живееше во својот дом, и Господ го беше успокоил од сите негови околни непријатели, тогаш царот му рече на пророкот Натан: »Ете, јас живеам во кедров дом, а Божјиот ковчег стои под шатор.« А Натан му одговори на царот: »Оди, прави си, што ти е на срце, зашто Господ е со тебе.« Но во истата ноќ дојде ова слово Господово кон Натана: »Оди, кажи му на мојот слуга Давида: Вака говори Господ: ‚Ти ли ќе Ми изградиш дом, за да живеам во него, кога Јас не сум живеел во дом, откако ги изведов синовите Израилеви од Египет, и до денес но минував во шаторот и во скинијата. Каде и да одев со сите синови Израилеви, му кажав ли барем еден збор на некое од племињата, на кое сум му наложувал да го пасе Мојот народ Израилот: зошто не ми изградивте кедров дом?‘ А сега, кажи му така на мојот слуга Давида: Вака вели Господ Саваот: ‚Јас те зедов од овчото стадо, за да бидеш водач на Мојот народ Израилот; и секогаш бев со тебе, каде и да одеше, ги истребував од пред лицето твое сите твои непријатели, и го возвеличував името твое, како името на големите луѓе на земјата. Јас ќе одредам место за Мојот народ, за Израилот, ќе го утврдам, и тој спокојно ќе живее на местото свое и нема повеќе да се обеспокојува, и нечестиви луѓе нема повеќе да го измачуваат, како порано, кога Јас определив судии над својот Израил; и Јас ќе те успокојам од сите твои непријатели. И Господ те известува, дека Он ќе ти подигне дом. А кога ќе завршат твоите дни, и ти ќе починеш кај татковците свои, Јас ќе го воздигнам по тебе твоето семе, што ќе произлезе од твоите бедра, и ќе го зацврстам царството негово. Тој ќе изгради дом на името Мое, и Јас ќе го утврдам престолот на царството негово засекогаш. Јас ќе му бидам татко, и тој ќе Му биде син; и ако згреши, ќе го казнам со стап човечки и со удари на синови човечки; но милоста Своја нема да ја кренам од него, како што ја кренав од Саула, кога Јас го отфрлив пред лицето твое. И ќе биде непоколеблив твојот дом и твоето царство засекогаш пред лицето Мое, и престолот твој ќе остане засекогаш.‘« Сите овие зборови и целото тоа видение Натан му го кажа на Давида. Тогаш отиде цар Давид, застана пред лицето на Господа, и рече: »Кој сум јас, Господи, и што е домот мој, та толку ме возвеличи! Па и тоа дури се покажа малку во Твоите очи, Господи мој, Господи; но Ти извести уште за домот на Твојот слуга далечна иднина. Тоа е веќе по човечки, Господи мој, Господи! Што уште може да ти каже Давид? Ти го познаваш Твојот слуга, Господи мој, Господи! Ти го правиш ова заради зборот Свој и по срцето Свое, откривајќи му ги на слугата Свој сите големи работи. Во сѐ си голем Ти, Господи мој, Господи, зашто нема сличен на Тебе и нема Бог, освен Тебе, по сѐ што сме слушале со ушите свои. И кој е подобен на Твојот народ Израил, единствен народ на земјата, за кој доаѓал Бог да Си го придобие за народ, да го прослави името Свое и да изврши големи и страшни чуда пред Својот народ, кој Ти си го придобил од Египтјаните, прогонувајќи ги народите и боговите нивни? И Ти го одреди за Себе Твојот народ Израилот како Свој сопствен народ засекогаш, и Ти, Господи, стана негов Бог. А сега, Господи Боже, утврди го засекогаш зборот, што си го изрекол за Твојот слуга и за домот негов, и исполни го, она што си го изрекол. Нека се возвеличи името Твое засекогаш, та да велат: ‚Господ Саваот е Бог над Израилот.‘ И домот на Твојот слуга Давида да биде цврст пред Твоето лице. Бидејќи Ти, Господе Саваоте, Боже Израилев, му откри на Твојот слуга, велејќи: ‚Ќе ти воздигнам дом‘, Твојот слуга го подготви срцето свое да Ти се моли со таа молитва. И така, Господи мој, Господи! Ти си Бог, и Твоите зборови се неизменливи, и Ти му вети на Твојот слуга големо добро. А сега благоволи и благослови го домот на Твојот слуга, та тој да биде вечно пред Твоето лице, зашто Ти, Господи мој, Господи, го објави тоа, и со Твојот благослов домот на Твојот слуга ќе стане благословен за да биде пред Тебе засекогаш.« Потоа Давид ги порази Филистејците и ги покори; и го одзеде Давид Метег-Гама од рацете на Филистејците. Ги порази и Моавците и ги измери со јажиња, откако ги легна на земја: измери две јажиња за убивање, едно јаже за оставање живи. И Моавците му станаа робје на Давида, му плаќаа данок. Давид го порази Адраазара, син на сувскиот цар Рехов, кога тој одеше да ја прошири власта своја при реката Еуфрат; и зеде Давди од него илјада и седумстотини коњаници и двесте илјади пешаци; и им ги пресече Давид жилите на сите колски коњи, оставајќи од нив само за сто коли. Дојдоа Сиријци од Дамаск да му помогнат на сувскиот цар Адраазар; но Давид порази дваесет и две илјади Сиријци. Тогаш Давид постави стража во Сирија под Дамаск, и Сиријците му станаа на Давида робови и му плаќаа данок. А Господ го чуваше Давида насекаде, каде ќе отидеше тој. Потоа Давид ги зеде златните гривни, што ги носеа Адраазаровите слуги, и ги донесе во Ерусалим. Нив подоцна ги зеде египетскиот цар Сусаким, кога го нападна Ерусалим, во дните на Соломоновиот син Ровоам. А од Вет и Берот, Адраазаровите градови, цар Давид зеде многу бакар, од кој Соломон направи бакарно море, столбови, мијалници и сите садови. Кога иматскиот цар Тоа чу, дека Давид ја поразил целата Адраазарова војска, и Тоа го испрати синот свој Јорама при царот Давида да го поздрави и да му благодари, поради тоа што војувал против Адраазара и го поразил; бидејќи Адраазар војуваше со Тоа. А во рацете Јорам имаше сребрени, златни и бакарни садови. Цар Давид ги посвети и нив на Господа, заедно со среброто и златото, кое го посвети од она, што го беше одзел од сите народи, кои ги беше покорил: од Сиријците, Моавците, Амонитите, Филистејците и Амаликијците, и од она, што беше одземено од Адраазара, синот на сувскиот цар Рехов. И Давид се прослави, враќајки се од поразот на осумнаесет илјади Сиријци во Солената долина. Тој постави стражи во Идумеја; постави стражи по цела Идумеја; и сите Идумејци му станаа на Давида робови. И Господ го чуваше Давида, каде и да отидеше тој. Така царуваше Давид над сите Израилци, судеше и делеше правда на сиот свој народ. А Јоав, синот Саруев, беше војвода над војската; а Јосафат, синот Ахилудов, беше летописец; Садок, синот Ахитувов, и Ахимелех, синот Авијатаров, беа свештеници; Сераја беше писар; а Ванија, син Јодаев, беше заповедник над Хелетејците и Фелетејците, а Давидовите синови беа први во дворот. И рече Давид: »Ако останал уште некој од Сауловиот дом, јас би му направил милост заради Јонатана.« Во Сауловиот дом имаше еден слуга, по има Сива; го повикаа кај Давида, и царот го праша: »Ти ли си Сива?« Тој одговори: »Јас сум твојот слуга«. и царот продолжи и рече: »Нема ли уште некој од Сауловиот дом? Би му направил милост Божја?« А Сива му одговори на царот: »Има еден Јонатанов син, кој е сакат.« Царот го праша: »Каде е тој?« Сива му одговори на царот: »Ете, тој е во куќата на Махира, Амиеловиот син, во Лодевар.« Тогаш цар Давид испрати, та го зедоа од куќата на Махира, Амиеловиот син, од Лодевар. И Мемфивостеј, син на Јонатана, Саулов син, дојде при Давида, падна ничкум и му се поклони на царот. И рече Давид: »Мемфивостеј!« Тој одговори: »Еве, твој слуга сум јас.« И Давид му рече: »На плаши се; јас ќе ти направам милост заради татка ти Јонатана и, ќе ти ги вратам сите ниви на деда ти Саула, а ти секогаш ќе јадеш леб на мојата трпеза.« Се поклони Мемфивостеј и рече: »Што е твојот слуга, та погледна милостиво на така мртов пес како мене?« А царот го повика Сива, Сауловиот слуга, па му рече: »Сѐ што му припаѓаше на Саула и на целиот негов дом, му го давам на синот на твојот господар; обработувај ја, впрочем, за него земјата, ти, со твоите синови и твоите слуги, и донесувај ги плодовите најзини, за да има синот на господарот твој леб за исхрана; а Мемфивостеј, синот на господарот твој, секогаш ќе јаде на мојата трпеза.« Сива имаше петнаесет синови и дваесет слуги. Тогаш му рече Сива на царот: »Си што му заповеда мојот господар-царот на својот слуга, тој ќе го изврши.« Мемфивостеј јадеше на трпезата Давидова како еден од царските синови. Мемфивостеј имаше малолетен син по има Миха. Сите, што живееја во куќата на Сива, беа слуги на Мемфивостеј. И Мемфивостеј живееше во Ерусалим, бидејќи секогаш јадеше на царската трпеза. Тој беше сакат во обете нозе свои. По извесно време умре амонитскиот цар, и место него стана цар синот негов Анон. И Давид рече: »Ќе покажам милост кон Анона, Наасовиот син, за добрината, што ми ја направи татко му негов.« Па ги испрати Давид слугите свои да го утешат Амона поради татка му. И давидовите слуги отидоа во Амонитската земја. Но амонитските кнезови му рекоа на господарот свој Анона: »Зар мислиш, дека Давид од почит кон татка ти испратил при тебе утешители? Да не ги испратил Давид слугите свои при тебе, за да го прегледаат градот и да видат во него сѐ и сешто, па да го сосипат?« И Анон ги фати Давидовите слуги и на секого од нив му ја избричи половината од брадата и им ги потсече алиштата на половина, до крстот и ги пушти. Кога му јавија за тоа на Давида, тој испрати да ги пречекаат, бидејќи беа многу обезличени. И царот заповеда да им кажат: »Останете во Јерихон додека ви порастат брадите, и тогаш вратете се.« Видоа Амонитите, дека станаа намразени кај Давида; па испратија Амонитите да најмат Сиријци од Вет-Рехов и Сиријци од Сува – дваесет илјади пешаци, од амаликијскиот цар Мах – илјада души и од Ист-Тов дванаесет илјади души. Кога Давид чу за тоа, го испрати Јоава со сета храбра војска. Излегоа Амонитите и се распоредија за борба при портите, а Сиријците од Сува и Рехов, а Ист-Тов и Мах се задржаа одделно во полето. Кога виде Јоав, дека непријателската војска се распоредила спроти него и отспреди и одзади, избра војници од сите одбрани Израилци, и ги распореди против Сиријците; а другиот дел од луѓето му ги довери на братот свој Авеса, за да ги нареди против Амонитите. Тогаш рече Јоав: »Ако Сиријците почнат да ме надвиваат, ти ќе ми помогнеш; ако, пак, Амонитите почнат да те надвиваат тебе, јас ќе ти дојдам на помош; биди храбар, и да стоиме цврсто за нашиот народ и за градовите на нашиот Бог, а Господ ќе го направи она, што Му е угодно.« и влезе Јоав и народот, што беше со него, во борба против Сиријците, и тие избегаа од него. Амонитите, пак, кога видоа, дека Сиријците бегаат, избегаа од Авеса и влегоа во градот. И Јоав се врати од Амонитите и дојде во Ерусалим. Сиријците, штом видоа дека Израилците ги поразија, се собраа сите наедно. И Адраазар испрати, та ги повика Сиријците, што беа од онаа страна на реката Халемак, и, ете, дојдоа до Елам; а Совак, Адраазаровиот војвода, ги предводеше. Кога му јавија за тоа на Давида, тој ги свика сите Израилци, го премина Јордан и стигна до Елам. Сиријците се распоредија против Давида и се судрија со него. Сиријците избегаа од Израилците, Давид истреби седумстотини сириски коли и четириесет илјади коњаници, го порази и војводата Совак, кој и умре таму. Кога сите потчинети цареви на Адраазара видоа дека Израилците ги поразија, склучија со Ираилците мир и им се покорија. И Сиријците веќе се плашеа да им помагаат на Амонитите. По една година, во времето кога царевите излегуваа во војна, Давид го испрати Јоава и слугите свои со него и сите Израилци; и тие ги поразија Амонитите и ја опколија Рава; а Давид остана во Ерусалим. Еднаш приквечер, откако стана од леглото свое, Давид се шеташе по покривот на царскиот дом свој и од покривот виде една жена, која се капеше; а жената беше многу убава. Давид испрати да дознаат, која е таа жена? Му рекоа: »Тоа е Вирсавија, Елијамова ќерка, жена на Хетеецот Урија.« Давид испрати слуги да ја земат; и таа дојде при него, и тој спиеше со неа. А кога таа се исчисти од својата нечистотија, се врати во домот свој. Таа жена стана непразна и испрати да му јават на Давида и да кажат: »Непразна сум.« Тогаш Давид испрати да му кажат на Јоава: »Испрати го при мене Хетеецот Урија!« И Јоав го испрати Урија при Давида. Урија дојде при него, и Давид го распраша за положбата на Јоава, за положбата на народот и за текот на војната. Давид му рече на Урија: »Оди во домот свој и изми си ги нозете.« Уриј излезе од царскиот дом, и по него однесоа и царско јадење. Но Уриј преспа пред вратата на царскиот дом заедно со сите слуги на господарот свој и не отиде во домот свој. Му соопштија на Давида и рекоа: »Уриј не отиде во домот свој.« Давид му рече на Урија: »Еве, си дошол од пат; зошто не си отишол во домот свој?« Урија му одговори на Давида: »Ковчегот Божји, Израил и Јуда се под шаторите, а господарот мој Јоав и слугите на господарот мој престојуваат во полето, а јас да влезам во куќата своја да јадам, да пијам и да лежам со жената своја! Се колнам во твојот живот и во животот на твојата душа, тоа нема да го направам.« Тогаш Давид му рече на Урија: »Остани тука и денес, а утре ќе те отпуштам.« И Урија остана тој ден во Ерусалим до изутрината. И Давид го покани, и Уриј јадеше пред него и пиеше, и Давид го опи. Но вечерта Урија отиде да спие на леглото свое со слугите на својот господар, а во домот свој не отиде. Изутрината Давид напиша писмо до Јоава и го испрати по Урија. Во писмото напиша вака: »Поставете го Урија таму, каде што ќе има најсилна војска, и отстапете од него, за да биде удрен и да умре.« Затоа, кога Јоав го опседнуваше градот, го постави Урија на такво место, за кое знаеше, дека таму има храбри мажи. Излегоа од градот мажи, се судрија со Јоава, и неколкумина од народот, од Давидовите слуги, паднаа: убиен беше исто така и Хетеецот Урија. Тогаш Јоав испрати да му кажат на Давида за целиот тек на борбата. Тој им заповеда на пратениците, велејќи: »Кога ќе му раскажете на царот за целиот тек на битката и ќе видите, дека царот се разгневува и ви каже: ‚Зошто сте отишле да се биете толку блиску до градот? Не знаете ли, дека врз вас ќе фрлаат од ѕидот? Кој го уби Авимелеха, Јероваловиот син? Не ли фрли жена врз него од ѕидот парче од воденички камен, »го порази« и тој умре во Тевец? А вие, зошто се приближивте до ѕидот?‘ – тогаш ти кажи: ‚И твојот слуга Хетеецот Уриј исто така е поразен и умре.‘« Отиде пратеникот од Јоава при царот во Ерусалим и, откако стигна, му раскажа на Давида за си за кое го беше испратил Јоав, за целиот тек на битката. Давид се разгневи на Јоава, и му рече на пратеникот: »Зошто сте одишле да се биете толку близу до градот? Не знаете ли, дека врз вас ќе фрлаат од ѕидот? Кој го уби Авимелеха, Јеровааловиот син? Не фрли ли жена врз него воденички камен, и тој умре во Тевец? Зошто се приближивте до ѕидот?« Тогаш пратеникот му рече на Давида: »Тие луѓе нѐ надвиваа и излегоа против нас во полето, и ние ги гоневме, до влезот на портите; во тоа време стрелците стрелаа од ѕидот врз слугите твои, и загинаа некои од царските слуги; умре и твојот слуга Хетеецот Уриј.« Тогаш Давид му рече на пратеникот: »Кажи му на Јоава вака: ‚Да не те буни таа работа, зашто ножот истребува некогаш еден, некогаш друг; засили ја борбата против градот и сосипи го‘. Така го поттикна.« Уриевата жена чу, дека мажот нејзин умрел, па плачеше по мажот свој. Кога измина времето за жалење, Давид испрати и ја зеде во домот свој, и таа му стана жена и му роди син. Но делото што го изврши Давид, беше зло пред очите на Господа. Господ го испрати Натана, пророкот при Давида, и тој отиде при него и му рече: »Во еден град имаше двајца луѓе – едниот богат, а другиот сиромав; богатиот имаше мошне многу ситен и крупен добиток, а сиромавиот немаше ништо, освен една овчичка, што ја беше купил мала и ја исхранил, и таа беше пораснала при него заедно со децата негови; таа јадеше од лебот негов, пиеше од чашата негова, спиеше на градите негови и му беше како ќерка; при богатиот човек дојде еден странец; и нему не му се свиде да земе од овците или од воловите свои, за да зготви ручек на странецот, кој беше дошол при него, туку ја зеде овчичката на сиромавиот и му ја приготви неа на човекот, што беше дошол при него.« Давид многу се разгневи против тој човек и му рече на Натана: »Жив ми Господ! Смрт заслужува оној човек, што го направил тоа; и за овчичката тој треба да плати четворно, зашто го направил тоа и затоа што немал милост.« Тогаш Натан му кажа на Давида: »Ти си оној човек што го изврши тоа. Така говори Господ, Бог Израилев: ‚Јас те помазав за цар над Израилот, те спасив од рацете Саулови, ти го дадов домот на твојот господар и жените на господарот твој во твоја прегратка, ти го дадов домот Израилев и Јудин и, ако ти е тоа малку, би ти придал уште повеќе; а ти што го пренебрегна зборот на Господа, извршувајќи зло пред очите Негови? Урија Хетеецот го порази со меч, жената негова ја зеде за своја жена, а него го уби со амонитски меч; затоа мечот нема да отстапи од твојот дом засекогаш, бидејќи ти ме запостави и ја зеде жената на Хетеецот Урија, за да биде твоја жена.‘ Така говори Господ: ‚Ете, јас ќе подигнам зло против твојот дом, ќе ги земам твоите жени пред очите твои и ќе ги дадам на ближниот твој, и тој ќе спие со твоите жени под оваа сонце; ти го изврши тоа тајно, Јас, пак, ќе го извршам пред целиот Израил на бел ден.‘« Тогаш Давид му рече на Натана: »Згрешив пред Господа.« А Натан му кажа на Давида: »И Господ го симна од тебе гревот твој; ти нема да умреш; но бидејќи со тоа ти им даде повод на непријателите Господови да Го хулат, затоа синот што ти се роди ќе умре.« Натан отиде во домот свој. И Господ го порази детето, што му го беше родила на Давида Уриевата жена, и тоа се разболе. Давид Му се молеше на Бога за детето, постеше Давид и осамен ја мина ноќта, легна на земја. И влегоа при него старешините на домот негов, да го кренат од земјата; но тој не сакаше и не јадеше леб со нив. На седмиот ден детето умре, и слугите Давидови се плашеа да му соопштат, дека детето умрело; зашто си мислеа тие, кога детето беше уште живо, и ние му прозборувавме, а тој не го слушаше гласот наш, како ќе му кажеме: »детето умре«. Тој ќе стори нешто лошо. Виде Давид дека слугите негови се дошепнуваат, и разбра оти детето умрело, па ги праша слугите: »Умре ли детето?« Тие му одговорија: »Умре.« Тогаш Давид стана од земјата, се изми, се помаза, се преоблече и отиде во домот Господов и се молеше. Кога се врати дома, побара да му донесат леб и јадеше. И го запрашаа слугите негови: »Што значи тоа, што постапуваш така? Додека детето уште беше живо, ти постеше и плачеше, и не спиеше; а откако умре детето, ти стана и јадеш леб и пиеш.« Давид им одговори: »Додека детето беше живо, јас постев и плачев, бидејќи мислев: кој знае, нема ли да се смили над мене Господ и нема ли детето да остане живо? А сега е умрено; зошто да постам? Зар можам да го вратам? Јас ќе отидам при него, тоа нема да се врати при мене.« И Давид ја утеши жената своја Вирсавија, и влезе при неа и спиеше со неа; таа зачна и роди син, кому му даде име Соломон. И Господ го возљуби; и го испрати пророкот Натана, и тој го нарече: Едидија, според словото Господово. Јоав војуваше против Рава Амонитска и туку-речи го презеде тој царски град. Испрати Јоав да му кажат на Давида: »Јас напаѓав на Рава и ја освоив водата на градот; сега собери го другиот народ и тргни кон градот, и преземи го; зашто, ако го преземам јас, ќе му се даде моето име.« Давид го собра сиот народ, тргна кон градот Рава, војуваше против него и го презеде. Давид го зеде венецот на царот нивни од главата негова, – а во него имаше талант злато и скапоцен камен, – и го стави Давид на својата глава, и однесе од градот многу голем плен. А народот, што беше во него, го изведе и го пренесе преку пили, преку железни гребла, преку железни секири и го фрли во печката за печење тули. Така постапи тој со сите амонитски градови. Потоа Давид се врати со сиот народ во Ерусалим. Потоа се случи ова: Давидовиот син Авесалом имаше сестра убавица, по има Тамар, и Амнон, Давидовиот син, се вљуби во неа. И Амнон толку се мачеше, што се разболе по сестра си Тамар зашто таа беше мома, и Амнон гледаше дека ќе му биде неугодно да ѝ направи нешто. Но Амнон имаше пријател, по име Јонадав, син на Сама, Давидов брат; а Јонадав беше човек многу итар. И тој му рече: »Зошто толку слабееш одден наден, царски сине, – нема ли да ми кажеш?« Амнон му одговори: »Јас ја сакам Тамар, сестрата на братот мој Авесалом.« Јонадав му рече: »Легни на леглото свое и направи се болен; и кога ќе дојде татко ти да те види, кажи му: Нека дојде сестра ми Тамар и да ми даде да јадам, и да зготви пред очите мои јадење, така што да видам и да јадам од рацете нејзини.« Амнон легна и се направи болен, и царот дојде да го види; Амнон тогаш му рече на царот: »Нека дојде сестра ми Тамар и да испржи пред очите мои една – две питки, та да каснам од рацете нејзини.« Давид испрати во куќата да ѝ кажат на Тамар: »Оди во куќата на братот свој Амнон и зготви му јадење.« Таа отиде во куќата на брата си Амнон, а тој лежеше. Таа зеде брашно, замеси, приготви пред очите негови и му испржи питки; го зеде тиганот и ги истури пред него; но тој не сакаше да јаде. Тогаш рече Амнон: »Нека излезат сите, што се при мене.« И Излегоа сите луѓе, што беа при него. И Амнон ѝ кажа на Тамар: »Однеси го јадењето во внатрешната соба, и јас ќе каснам од твоите раце.« Тамар ги зеде питките, што ги беше приготвила, и му ги однесе на брата си Амнон во внатрешната соба. А кога таа му стави да јаде, тој ја фати и ѝ рече: »Дојди легни го мене, сестро.« Но таа рече: »Не, брате, немој да ме обесчестиш, зашто така не се постапува во Израилот; не прави го тоа безумство. Па јас каде ќе одам со бесчестието свое? И ти, ти ќе бидеш безумник во Израилот; разговарај со царот; тој нема да откаже да ме даде за тебе.« Но тој не сакаше да ги слуша зборовите нејзини; ја надви и ја силуваше, и лежеше со неа. Потоа Амнон ја намрази многу, така што омразата негова спрема неа беше посилна од љубовта, што ја имаше тој кон неа; и Амнон ѝ рече: »Стани, оди си!« А Тамар му рече: »Не, брате, да ме избркаш е поголемо зло од првото што ми го направи.« Но тој не сакаше да ја слуша. И го повика младичот, што му слугуваше, па му рече: »Истерај ја оваа надвор и заклучи на вратата по неа.« Таа носеше шарена облека, бидејќи такви горни облеки носеа царските ќерки – девици. Слугата ја изведе надвор и ја заклучи вратата по неа. Тамар си ја посипа главата своја со пепел, ја раскина својата шарена облека, со која беше облечена, ги стави рацете свои на главата своја, и така одеше и викаше. А брат ѝ Авесалом ѝ рече: »Нели Амнон, братот мој, беше со тебе? Но сега молчи, сестро; тој ти е брат; не го кини срцето свое заради таа работа.« И Тамар живееше самотно во домот на брата си Авесалома. Царот Давид чу за сето тоа и силно се разгневи, но не го наскрби духот на синот свој Амнона, бидејќи го сакаше, бидејќи му беше првороден. Авесалом, пак, не му говореше на Амнона ни лошо ни добро; тој го намрази Амнона, поради тоа што ја обесчести сестра му Тамар. По две години имаше стрижба на овци кај Авесалома во Ваал-Хасор, близу до Ефрема и Авесалом ги повика сите царски синови. И дојде Авесалом при царот и рече: »Ете, при твојот слуга денес има стрижба на овци, нека појде царот и слугите негови со твојот слуга.« Но царот му рече на Авесалома: »Не, синко, нема да дојдеме сите, за да не ти додеваме.« И Авесалом го молеше многу; но тој не сакаше да оди и го благослови. Тогаш Авесалом му рече: »Нека дојде со нас барем братот мој Амнон.« А царот му рече: »Зошто да дојде со тебе?« Но Авесалом го убеди и тој го пушти со него Амнона и сите царски синови. И Авесалом приреди гозба какво гоштевање дава цар. Авесалом им заповеда на момците свои, велејќи им: »Гледајте, кога ќе се развесели срцето на Амнона од виното, и кога јас ќе ви кажам: поразете го Амнона, тогаш убијте го, не плашете се; тоа јас ви заповедам, бидете смели и храбри.« Авесаломовите момци направија со Амнона, како што им заповеда Авесалом. Тогаш станаа сите царски синови, се качи секој на маската своја и избегаа. Кога тие беа уште на пат, дојде слух до Давида, дека Авесалом ги убил сите царски синови, и дека од нив не останал ниеден. Тогаш царот стана, ја раскина облеката своја, и се фрли на земјата, и сите слуги негови, што стоеја при него, ги раскинаа облеките свои. Но Јонадав, синот на Сама, Давидов брат, рече: »Да не мисли господарот мој, дека сите момци, царски синови се убиени: само Амнон е убиен, зашто Авесалом ја имаше таа мисла од денот, кога Амнон ја обесчести сестрата негова; поради тоа, мојот господар, царот, нека не се обеспокојува од мислата дека сите царски синови умреле; умре само Амнон.« А Авесалом избега. Момчето, што стоеше на стража, ги крена очите и виде: ете, многу народ врви по патот на надолнината. И дојде стражарот, па му јави на царот, велејќи: »Видов луѓе низ Оронскиот пат по надолнината.« Тогаш Јонадав му рече на царот: »Тоа се царските синови, кои идат; како што говори слугата твој, така е.« И штом тој го изговори тоа, ете, пристигнаа царските синови и фатија да плачат. Па и царот и сите слуги негови плачеа многу силно. Авесалом, пак, избега и отиде при Талмаја, синот на гесурскиот цар Емиуд во Хамахадската земја. И царот Давид плачеше за синот свој во сите дни. Авесалом избега, дојде во Гесур и таму престојуваше три години. И царот Давид престана да го гони Авесалома, зашто се утеши поради смртта на Амнона. Саруевиот син Јоав забележа дека срцето на царот се сврти кон Авесалома. Јоав испрати во Текоја и доведе оттаму една умна жена и рече: »Преправи се дека плачеш; облечи жална облека, немој да се помажеш со масло, и претстави се како жена, која оплакува многу дни мртовец; по оди при царот и кажи му така и така.« И Јоав ѝ стави во устата нејзина, што да каже. И жената Текојанка влезе при царот, падна ничкум на земја, се поклони и му рече: »Помогни, цару, помогни!« Царот ја праша: »Што ти е?« А таа одговори: »Вдовица сум, умре мажот мој; слугинката твоја имаше двајца синови; тие се скараа во полето, немаше кој да ги раздели, и едниот го удри другиот и го уби. И ете, целиот род стана против слугинката твоја, и рече: ‚предај го оној, што го уби брата си, ние ќе го убиеме заради душата на брата му, која тој ја погуби, и ќе го истребиме дури и наследникот.‘ И така, тие ќе ја изгаснат искрата, која уште ми останува, за да не остават име и потомство на мажот ми по лицето на земјата.« А царот ѝ рече на жената: »Оди си спокојно дома, јас ќе дадам заповед за тебе.« Но жената Текојанка му рече на царот: »Врз мене, царе, господаре мој, нека биде вината и врз татковиот ми дом, а царот и престолот негов се невини.« И царот ѝ рече: »Доведи ми го оној, што ќе биде против тебе, и тој повеќе нема да те гибне.« Таа рече: »Заколни се, царе, во Господа, твојот Бог, дека нема да се умножат одмаздниците за крв и нема да го погубат синот мој.« Царот рече: »Жив ми Господ! Ни влакно од твојот син нема да падне на земјата.« И жената рече: »Дозволи ѝ на слугинката твоја да му каже уште еден збор на својот цар – господар.« Тој рече: »Говори.« И жената рече: »Зошто мислиш така против Божјиот народ?« Царот, откако го кажа тој збор, сам се обвини, поради тоа што не го враќа својот прогонет. »Ние ќе умреме и ќе станеме како разлеана вода на земјата, која не може да се собере; но Бог не сака да ја погуби душата и се грижи да не го отфрли од Себеси и отфрлениот. И сега јас дојдов да му ги кажам на царот, мојот господар, тие зборови, зашто народот ме плаши; и твојата слугинка си вели: ‚ќе поразговарам со царот, дали нема да постапи тој според зборот на слугинката своја: царот бездруго ќе ја ислуша и ќе ја спаси слугинката своја од раката на оние, што сакаат да ме истребат, заедно со синот мој, од Божјото наследство.‘ Затоа, твојата слугинка си рече: ‚зборот на мојот господар – цар нека ми биде утеха, зашто мојот господар – цар е како Ангел Божји, и може да го ислуша и доброто и лошото. И Господ, Бог твој, ќе биде со тебе.‘« Царот одговори и ѝ рече на жената: »Не го криј од мене тоа за што ќе го прашам.« И жената рече: »Говори, господаре мој, цару.« Царот ја праша: »Во сето тоа не е ли со тебе раката на Јоава?« Жената одговори и рече: »Да ти е жива душата, господаре мој, цару, не може да има скршнување ни десно, ни лево; вистина, твојот слуга Јоав ми заповеда и тој ги стави во устата на слугинката твоја сите тие зборови. Твојот слуга Јоав ме научи, преку приказната да ѝ дадам таков вид на оваа работа. Но мојот господар царот е мудар, како што е мудар Ангелот Божји, тој знае сѐ, што се случува на земјата.« И царот му рече на Јоава: »Ете, јас направив според зборот твој, оди впрочем, врати ми го детето Авесалома.« Тогаш Јоав падна ничкум на земјата и се поклони, и го благослови царот, велејќи: »Сега слугата твој знае, дека нашол благонаклоност пред твоите очи, господаре мој, цару, бидејќи царот постапи според зборот на својот слуга.« Па стана Јоав, та отиде во Гесур и го доведе Авесалома во Ерусалим. И царот рече: »Нека се врати во куќата своја, но лицето мое да не го гледа.« И Авесалом отиде во куќата своја, но царското лице не го виде. Меѓу сите Израилци немаше таков убавец како Авесалом, ни толку пофалуван како него: од одот на нозете до врвот на главата негова во него немаше недостаток. Кога ќе ја истрижеше косата своја, а тој ја стрижеше секоја година, бидејќи му тежеше, – косите од главата негова тежеа двесте сикли според царската мера. И на Авесалома му се родија тројца синови и една ќерка, по има Тамар; таа беше многу убава. Таа му стана жена на Ровоама, Соломоновиот син, и му го роди Авија. И остана Авесалом во Ерусалим две години, но царевото лице не го виде. Тогаш Авесалом испрати по Јоава, за да го одведе при царот; но тој не сакаше да дојде при него. Го повика и вторпат, но тој пак не сакаше да дојде. Тогаш Авесалом им рече на своите слуги: »Ја гледате ли нивата на Јоава до мојата? Тој таму има јачмен; одете и изгорете ја со оган.« И Авесаломовите слуги ја изгореа со оган онаа нива. И дојдоа слугите на Јоава при него, ги раскинаа облеките свои, и рекоа: »Авесаломовите слуги ја изгореа нивата твоја со оган.« И стана Јоав, па отиде при Авесалома дома и му рече: »Зошто слугите Твои ја изгореа нивата моја со оган?« А Авесалом му одговори на Јоава: »Ете, јас испраќав по тебе и велев: ‚Дојди тука, и јас ќе те пратев при царот да кажеш: зошто сум дошол од Гесур? Подобро ќе беше да останев таму. Јас сакам да го видам лицето на царот. Ако, пак, сум виновен, убиј ме!‘« Јоав отиде при царот и му го раскажа тоа. Царот го повика Авесалома. Тој дојде при царот, му се поклони и падна ничкум на земја пред царот. И царот го бакна Авесалома. Потоа Авесалом си набави коли и коњи и педесет брзоодци. Авесалом стануваше изутрина рано, се запираше крај патот при портите и, кога некој имаше поплака и одеше при царот на суд, тој го повикуваше и го прашуваше: »Од кој град си?« И кога оној одговараше: »од тоа и тоа Израилево племе е твојот слуга«, тогаш Авесалом му велеше: »Ете, твоето дело е добро и праведно, но при царот нема кој да те ислуша.« И Авесалом уште велеше: »О, да беа ме поставиле мене за судија во оваа земја! При мене би доаѓал секој, кој има расправија и поплака, и јас би судел по правда.« И кога некој ќе се доближеше да му се поклони, тој ја протегаше раката и го прегрнуваше и го бакнуваше. Така постапуваше Авесалом со секој Израилец, кој доаѓаше при царот да се суди, и навлегуваше Авесалом во срцата на Израилците. Откако изминаа четириесет години од царувањето на Давида, Авесалом му рече на царот: »Да одам и да го исполнам мојот завет, што му го бав дал на Господа во Хеврон. Зашто јас, твојот слуга, кога живеев во Гесур, во Сирија, ветив: ако Господ ме врати во Ерусалим, дека ќе му принесам жртва на Господа.« А царот му рече: »Оди со мир.« И тој стана и отиде во Хеврон. А Авесалом распрати разузнавачи меѓу сите Израилеви колена, велејќи: »Коа ќе чуете звук од труба, велете: ‚Авесалом стана цар во Хеврон.‘« Од Ерусалим отидоа со Авесалома двесте души, што ги беше поканил, и тие отидоа простодушно, баз да знаат, каква е работата. Во времето принесување жртви, Авесалом испрати, та го повика гилонецот Ахитофела, Давидов советник, од неговиот град Гилон. И почна буна голема, и народот се собираше и се умножуваше околу Авесалома. И дојде разузнавач при Давида и рече: »Срцето на Израилците се сврти кон Авесалома.« Тогаш им рече Давид на сите свои слуги, што беа при него во Ерусалим: »Станувајте да бегаме, зашто за нас нема спас од Авесалома; брзајте да излеземе, да не нѐ затече и нѐ фати, да не ни навлече зло и да го истреби градот со меч.« Царските слуги му рекоа на царот: »Во сѐ што му е угодно на господарот наш, царот, ние сме твои слуги.« Па излезе царот и по него сиот дом негов пешки. Царот остави десет свои наложници да ја чуваат куќата. И излезе цаарот и сиот народ пешки, и се задржаа на едно подалечно место. И сите слуги негови врвеа од двете страни негови, и сите Хелетејци, сите Фелетејци и сите Гетејци – до шестотини души што беа дошле заедно со него од Гет, одеа пред царот. И царот му рече на Гетеецот Етеја: »Зошто си тргнал и ти со нас? Врати се и остани со оној цар, бидејќи си туѓ и си избегал од својата земја. Ти си дошол вчера, а денес ќе те терам да одиш со нас ли? Јас одам, каде што можам; врати се и врати ги со себе и браќата свои; Господ нека ти укаже милост и правда!« А Етеј му одговори на царот и рече: »Жив ми Господ, и да живее мојот господар, царот; каде и да биде мојот господар, царот, жив или мртов, таму ќе биде и твојот слуга.« Тогаш Давид му рече на Етеја: »Дојди, пак, и оди со мене.« И Тргна Гетеецот Етеј и сите луѓе негови и сите деца што беа со него. И целата земја плачеше на висок глас. И сиот народ минуваше, и царот го мина потокот Кедрон; и тргна сиот народ и царот по патот кон пустињата. Ете, и свештеникот Садок и заедно со него сите левити го носеа ковчегот на Божјиот завет од Ветара, и го поставија Божјиот ковчег; Авијатар пак стоеше на височината, додека сиот народ излезе од градот. И царот му рече на Садока: »Врати го Божјиот ковчег во градот и нека стои на местото свое. Ако најдам милост пред очите на Господа, Он ќе ме врати и ќе ми даде да Го видам Него и Неговото живеалиште. Ако, пак, Он каже: ‚Немам кон тебе благонаклоност‘, тогаш ете ме; нека врши со мене, како што ќе Му биде угодно.« И му кажа уште царот на свештеникот Садок: »Гледаш ли, – врати се во градот со мир зедно со сина си Ахимаса и со Авијатаровиот син Јонатана, двајцата ваши синови; гледате ли, јас ќе се позабавам по рамнината во пустињата, додека ми стигне известување од вас.« Садок и Авијатар го вратија Божјиот ковчег во Ерусалим и останаа таму. А Давид тргна кон Елеонската планина, врвеше и плачеше; главата му беше покриена, и тој одеше бос; и сите луѓе, што беа со него, ја покрија секој својата глава, одеа и плачеа. Му јавија на Давида и рекоа: »И Ахитофел е меѓу заговорниците со Авесалома.« И рече Давид: »Господи, Боже мој, оневозможи го советот на Ахитофела.« Кога Давид се искачи на врвот од гората, каде што сакаше да Му се поклони на Господа, ете во пресрет му доаѓа Хусиј, Давидов прв пријател: облеката му беше раскината, и на главата имаше прав. И Давид му рече: »Ако дојдеш со мене, ќе ми бидеш товар: но, ако се вратиш во градот и му кажеш на Авесалома: ‚Царе, браќата твои минаа, и царот татко ти мина, и сега јас сум твој слуга; остави ме жив, досега бев слуга на татко ти, а сега сум твој слуга‘, ти ќе оневозможиш за мене советот на Ахитофела. Ете, таму со тебе ќе бидат свештениците Садок и Авијатар, и секој збор, што ќе го чуеш од домот на царот, соопштувај им го на свештениците, на Садока и на Авијатара. Заедно со нив таму се и двајцата нивни синови: Ахимас, син Садоков, и Јонатан, син Авијатаров; по нив испраќајте ми ја секоја вест, што ќе ја чуете.« Така, Хусиј, Давидовиот пријател, отиде во градот, а во тоа време Авесалом влегуваше во Ерусалим. Кога Давид слезе од врвот на гората, ете, во пресрет му доаѓа Сива, слугата на Мемфивостеј, со два натоварени осела со двесте лебови, сто вреќи суво грозје, сто низи смокви и со мешина вино. Царот го праша Сива: »Зошто ти е тоа?« Сива одговори: »Ослите се за царскиот дом, за јавање, лебот и плодовите за храна на момците, а виното за изнемоштените во пустињата.« Царот праша: »Каде е синот на господарот твој?« Сива му одговори на царот: »Ете, тој остана во Ерусалим и вели: ‚токму сега домот Израилев ќе ми го врати татковото ми царство.‘« И му кажа на Сива: »Ете, твое е сѐ што има Мемфивостеј.« А Сива одговори, поклонувајќи се: »Можеби ќе најдам милост пред очите на мојот господар – цар!« Кога царот Давид стигна до Ватирим, ете, оттаму излезе еден човек од родот на Сауловиот дом, по има Семеј, син на Гирана. Тој одеше и лошо зборуваше, и фрлаше камења врз Давида и врз сите слуги на царот Давид; и сите луѓе и сите храбри беа десно и лево од царот. Зборувајќи лошо за него, Семеј велеше: »Иставај се, убиецу, и беззаконику! Господ ја сврти против тебе сета крв на Сауловиот дом, на чие место ти се зацари, и Господ го предаде царството во рацете на синот твој Авесалома; и ете, ти си во неволја, затоа што си крвопиец.« Тогаш Авес, Саруевиот син, му рече на царот: »Зошто овој мртов пес зборува лошо за господарот мој, за царот? Ќе одам и ќе му ја симнам главата.« Царот рече: »Што ни е нам, мене и вам, до Саруевите синови? Оставете го нека зборува лошо, зашто Господ му заповедал да зборува лошо за Давида. А кој може да каже: ‚Зошто правиш така?‘« И Давид му рече на Авеса и на сите слуги свои: »Кога синот мој, кој излегол од телото мое, ја бара душата моја, дотоклу повеќе еден син Венијаминов; оставете го, нека зборува лошо, зашто Господ му заповедал; можеби, Господ ќе погледне милостиво кон унижувањето мое, и ќе ми воздаде Господ добро за денешното лошо зборување.« и одеа Давид и луѓето по патот свој, а Семеј врвеше покрај гората, откај неговата страна; врвеше, зборуваше лошо и фрлаше камења и земја кон него. И стигна царот и сиот народ негов, што беше со него, изморен, и таму со отпочинуваше. Авесалом, пак, и сиот Израилски народ дојдоа во Ерусалим, и со него Ахитофел. Кога Хусиј, Давидовиот прв пријател, дојде при Авесалома, му рече: »Да живее царот!« И Авесалом му рече на Хусија: »Каква е таа твоја сесрдност кон твојот пријател! Зошто не отиде со пријателот свој?« Хусиј му одговори на Авесалома: »Не, јас ќе отидам по оној, што го избра Господ и оној народ и целиот Израил; со него сум и јас, и со него ќе останам. И притоа кому ќе му служам? Нели на синот негов? Како што му служев и на татко ти, така ќе ти служам и тебе.« И Авесалом му рече на Ахитофела: »Дајте совет, што да правиме.« Ахитофел му одговори на Авесалома: »Влези при наложниците на татко ти, што тој ги остави да го чуваат домот негов; и ќе чујат сите Израилци, дека си станал намразен за таткото, и ќе им се зацврстат рацете на сите, што се со тебе.« И поставија за Авесалома шатор на покривот, и Авесалом влезе при наложниците на татка си пред очите на сиот Израил. А советите на Ахитофела, што тој ги даваше, во она време се сметаа, како некој да се допрашувал до Бога. Таков беше секој Ахитофелов совет како за Давида, така и за Авесалома. Тогаш му кажа Ахитофел на Авесалома: »Ќе одберам дванаесет илјади души и ќе станам, ќе отидам да го гонам оваа ноќ Давида; ќе го нападнам, кога ќе биде изморен и со отпуштени раце, и ќе му влеам страв; и сите луѓе, што се со него ќе се разбегаат; и јас ќе го убијам само царот; и сите луѓе ќе ги свртам кон тебе; и кога ќе исчезне еден, чија душа ја бараш ти, тогаш сиот народ ќе се смири.« Му се допаднаа тие зборови на Авесалома и на сите Израилеви старешини. И Авесалом рече: »Повикајте го Хусија; да чуеме, што ќе рече тој.« Дојде Хусиј при Авесалома, и Авесалом му рече, велејќи: »Еве што кажува Ахитофел; да постапам ли според зборовите негови? Ако, пак, не, кажи ти.« А Хусиј му рече на Авесалома: »Овој пат не е добар советот, што го дал Ахитофел. Ти го познаваш татка си и луѓето негови; тие се храбри и многу се раздразенти, како мечка в поле, чии малечки се грабнати, и како свиреп крмак во полето, и татко ти е човек воинствен; тој нема да се запре да ноќева со народот. Ете, тој сега се крие во некоја пештера или на друго место, и ако некој падне при првиот напад врз нив, и ако чујат и кажат: ‚разбиени се луѓето, што тргнаа по Авесалома‘ тогаш и најхрабриот, чие срце е како лавовско срце, ќе падне со духот, зашто на сиот Израил му е познато, колку е храбар татко ти, и колку се јунаци оние што се со него. Затоа јас советувам: нека се собере при тебе сиот Израил, од Дан до Вирсавија, во множество како песок крај морето, и ти самиот ќе тргнеш среде него; и тогаш ќе одиме против него, каде и да се наоѓа, и ќе го нападнеме, како што росата паѓа на земјата; и нема да му остане ни еден човек од сите оние, што се со него; ако, пак, влезе во некој град, тогаш сиот Израил ќе донесе при тој град јажиња, и ние ќе го завлечеме во реката, така што камче нема да остане од него.« Тогаш рече Авесалом и сиот Израил: »Советот на Хусија е подобар од Ахитофеловиот совет.« Така Господ пресуди да се осуети »добриот« Ахитофелов совет, за да навлече Господ зло врз Авесалома. И Хусиј им кажа на свештениците, на Садока и Авијатара: »Така и така Ахитофел го советуава Авесалома и старешините Израилеви, јас, пак, посоветував вака и вака. И сега испратете поскоро и кажете му на Давида така: да не останува оваа ноќ на рамнината во пустињата, и што поскоро да помина од онаа страна, да не загине царот и сите луѓе, што се со него.« Јонатан и Ахимас стоеја при изворот Рогел. И отиде една слугинка, таа им раскажа, а тие отидоа и му јавија на царот Давида; зашто тие не можеа да се покажат во градот. Ги виде еден младич и му јави на Авесалома; но тие и двајцата брзо заминаа и отидоа во Ватурим, во куќата на еден човек, во чиј двор имаше кладенец; тие се спуштија во него. А жената зеде, та простре врз отворот на изворот покривка и насипа одозгора прекрупа, така што ништо не се забележуваше. Дојдоа Авесаломовите слуги во куќата при жената и запрашаа: »Каде се Ахимас и Јонатан?« А жената им одговори: »Минаа преку реката«. Тие бараа и не најдоа, и се вратија во Ерусалим. Откако си заминаа, оние излегоа од кладенецот, отидоа и му јавија на царот Давид, велејќи му: »Станувајте и што поскоро преминувајте преку водата, зашто Ахитофел даде таков и таков совет за вас.« Тогаш Давид стана и сите луѓе, што беа со него, и го минаа Јордан; на разденување не остана ни еден, што не беше го преминал Јордан. Ахитофел, кога виде, дека советот негов не се исполни, го оседла оселот, се подготви, отиде во домот свој, во својот град, направи завештание за домот свој, и се обеси, и умре, и го погребаа во татковиот му гроб. Давид стигна во Маханаим, а Авесалом го премина Јордан, тој и сиот Израил со него. Наместо Јоава, Авесалом го постави над војската Амесаја. Амесај беше син на еден човек по име Ефер, од Израел, што влезе при Авигеја, Наасовата ќерка, Саруева сестра, Јоавова мајка. А Израил се смести во логорот со Авесалома во Галадската земја. Кога Давид стигна во Маханаим, Наасовиот син Совиј од Рава Амонитска, и Махир, Амилов син, од Лодавар, и Галададецот Варзелиј од Рогелим, донесоа десет приготвени постелички, десет чинии и земјани садови, пченица и јачмен, брашно и биено просо, грав и леќа и пржени зрна, мед и масло, овци и кравјо сирење, – донесоа за храна на Давида и на луѓето што беа со него; зашто тие велеа: народот е гладен и уморен и жедува во пустињата. Давид ги прегледа луѓето, што беа со него, и постави над нив илјаданачалници и стотници. Давид ги испрати луѓето – една третина под водство на Јоава, една третина под водство на Авеса, синот Саруев, брат Јоавов, една третина под водство на Гетецот Етеј. Тогаш царот им рече на луѓето: »И јас ќе дојдам со вас.« Но луѓето му одговорија: »Не доаѓај, зашто, ние и да избегаме, тоа нема да се забележи; и половината од нас да умре, тоа исто така нема да се забележи; ти, ти, бидејќи, сам чиниш, колку десет илјади од нас, затоа подобро е за нас да ни помагаш од градот.« Царот им рече: »Што ќе најдете за добро, тоа и ќе го направам.« И царот се задржа при портите, и сиот народ излегуваше по стотици и по илјади. Царот им заповеда на Јоава, Авеса и Етеја, велејќи: »Зачувајте ми го момчето Авесалома.« И сите слушаа, што им заповедаше царот на сите началници за Авесалома. Излегоа луѓето во полето против Израилците, и започна битка во Ефремовата гора. И народот Израилев беше победен од Давидовите слуги; тој ден таму стана голем пораз, – беа убиени дваесет илјади души. А битката се прошири по целата онаа земја, и гората погуби повеќе народ, отколку што се истреби со мечот во тој ден. Авесалом се сретна со Давидовите слуги; тој јаваше на маска. Кога маската навлезе под гранките на еден голем даб, косата на Авесалома му се заплетка во гранките од дабот, и тој почна да виси меѓу небото и земјата, а маската, што беше под него, избега. Некој го виде тоа и му јави на Јоава, велејќи: »Ете, јас го видов Авесалома како виси на дабон.« Јоав му кажа на човекот што му го соопшти тоа: »Ете, си видел; зошто не го кутна таму на земја? Ќе ти дадев десет сикли сребро и еден појас.« И оној му одговори на Јоава: »Да ставеа во рацете мои и илјада сикли сребро, и тогаш не би кренал рака врз царскиот син; зашто ние чувме, дека царот ти заповеда тебе, на Авеса и на Етеја, велејќи: ‚зачувајте ми го момчето Авесалома‘; и да бев постапил поинаку во опасност по животот свој, тоа не би останало сокриено од царот, па и ти би станал против мене.« Јоав рече: »Нема зошто да се занимавам со тебе.« И зеде во рацете три стрели и ги забоде во срцето на Авесалома, кој уште беше жив на дабот. Тогаш го опколија Авесалома десет момци, Јоавови оруженосци, го удираа и го умртвија. И затруби Јоав со труба, и луѓето, што го гонеа Израилот, се вратија, бидејќи Јоав го штедеше народот. Го зедоа Авесалома, го фрлија во гората, во длабока јама, и натрупаа врз него голема грамада камења. И сите Израилци се разбегаа, секој во шаторот свој. Уште додека беше жив, Авесалом си беше изградил споменик во царската долина; зашто велеше: »Јас немам син, за да се зачува споменот за името мое«. И до денес тој се нарекува Авесаломов споменик. Ахимас, син Садоков, му рече на Јоава: »Ќе отрчам да му јавам на царот, дека Господ преку Својот суд го спаси од рацете на непријателите негови.« Но Јоав му рече: »Нема да бидеш добар известувач денес; друг ден ќе јавиш, а не денес, зашто царевиот син умре.« Јоав му рече потоа на Хусија: »Оди, јави му на царот што си видел.« И Хусиј му се поклони на Јоава и отрча. Но Ахимас, Садоковиот син, настојуваше и му велеше на Јоава: »Што и да биде, и јас ќе трчам по Хусија.« а Јоав му одговори: »Што ти треба да трчаш, синко? Добра вест нема да однесеш.« Ахимас рече: »Така нека биде, но јас ќе отрчам.« Тогаш Јоав му рече: »Трчај.« И Ахимас потрча по напречен пот и го испревари Хусија. Во тоа време Давид седеше меѓу двете порти. И стражарот излезе под вратната стреа откај ѕидот, ги крена очите и виде, еден човек трча. И стражарот извика и му соопшти на царот. А царот рече: »Ако е сам, вест носи во устата своја.« А оној сѐ повеќе и повеќе се приближуваше. Стражарот виде друг човек дека трча; и стражарот му викна на вратарот: »Ете, уште еден човек трча.« Царот рече: »И тој е известувач.« Стражарот рече: »Го гледам одењето на привиот, тоа прилега на одењето на Ахимаса, Садоковиот син.« А царот рече: »Тој е добар човек и доаѓа со добра вест.« Ахимас извика и му рече на царот: »Мир!« И му се поклони на царот со лицето до земја и рече: »Благословен Господ, Бог твој, Кој ги предаде луѓето, што беа кренале рака против мојот господар, царот!« А царот праша: »Здраво ли е момчето Авесалом?« Ахимас одговори: »Видов голема мешаница, кога царскиот служител Јоав го испраќаше својот слуга; не не знам, што стануваше таму.« Царот рече: »Помести се и застани тука.« И тој се помести и застана. Ете, пристигна и Хусиј по него. И Хусиј му рече на царот: »Добра вест за господарот мој, царот! Господ ти направи денес правда, спасувајќи те од раката на сите, што беа станале против тебе.« А царот го праша Хусија: »Здраво ли е момчето Авесалом?« Хусиј одговори: »Да даде Бог со непријателите на мојот господар, царот, и со сите зломислиници против тебе да се случи истото, што го снајде момчето!« Се збрка царот и отиде во собата над портите и плачеше и, кога си одеше, велеше вака: »Сине Авесаломе! Сине, сине Авесаломе! О, да бев умрел јас наместо тебе, Авесаломе, сине мој, сине!« Му соопштија на Јоава: »Ете, царот плаче и тагува за Авесалома.« И победата во оној ден се претвори во плачење за целиот народ: зашто тој ден народот чу и велеше, дека царот жали за синот свој. Тогаш народот влегуваше во градот скришно, како што се притајуваа од срам луѓето што избегале од борба. А царот го покри лицето и викаше високо: »Сине Авесаломе, Авесаломе, сине мој, сине!« Потоа Јоав дојде при царот дома и рече: »Ти денес ги посрами сите слуги свои, кои го спасија денес животот твој, животот на твоите синови, и ќерки, животот на твоите жени и животот на твоите наложници; ти ги сакаш оние, што те мразат, а ги мразиш оние, што те сакаат, бидејќи денес покажа оти за тебе се ништо и водачите и слугите; денес разбрав, дека тебе ќе ти беше попријатно ако Авесалом останеше жив, а ние сите да бевме изумреле; затоа стани, излези и позборувај им по срце на слугите твои; зашто, се колнам во Господа, дека, ако не излезеш, оваа ноќ, ниеден човек нема да остане со тебе; тоа ќе биде за тебе полошо од сите беди што те снашле од младини до денес.« Стана царот и седна при портите, а на сиот народ му јавија, дека царот седи при портите. И сиот народ дојде пред царот пред портите; а Израилците се разбегаа по шаторите свои. И сиот народ од сите колена Израилеви се препираше и велеше: »Царот Давид ни спаси од рацете на напријателите наши и ни ослободи од рацете на Филистејците, а сега самиот избега од оваа земја, од царството свое, од Авесалома. Но Авесалом, кого го помазавме за цар над нас, умре во борбата; а сега зошто одолговлекувате, та не го враќате царот?« Овие зборови на сиот Израил стигнаа до царот. Тогаш царот Давид испрати да им кажат на свештениците, на Садока и на Авијатара, кажете им на Јудините старешини: »Зошто сакате да бидете последни во враќањето на царот во домот негов, кога зборовите на сиот Израил стигнаа до царот во домот негов. Вие сте мои браќа, вие сте моја коска и моја плот, зошто сакате да бидете последни за враќањето на царот во домот негов?« А на Амесај кажете му: »Не ли си ти моја коска и моја плот? Господ нека ми направи тоа и тоа и уште повеќе да ми додаде, ако ти не станеш при мене засекогаш воен началник место Јоава!« И склони го срцето на сите Јудеи како на еден човек. И тие испратија да му кажат на царот: »врати се ти и сите твои слуги.« Се врати царот и стигна до Јордан, а Јудеите дојдоа во Галгал да го пречекаат царот и да го преведат преку Јордан. И Семеј, синот Гирин, Венијаминец од Ватурим, побрза и отиде со Јудејците да го пречека царот Давида; а заедно со него имаше илјада Венијаминци, и Сива, слугата на Сауловиот дом, со петнаесетте синови свои и со дваесетте слуги свои; тие го преминаа Јордан пред лицето на царот и подготвија да мине царот преку Јордан. Кога го доведоа коработ, за да ја пренесат челадта на царот и да му послужат, тогаш Семеј, синот Гирин, падна ничкум пред царот, штом тој го премина Јордан, и му рече на царот: »Господаре, не ми го сметај за престап и не го спомнувај она, со кое згреши слугата твој во оној ден, кога мојот господар излегуваше од Ерусалим, и не го ставај тоа, цару, на срце; зашто слугата твој знае дека згрешил; и, ете, од целиот Јосифов дом дојдов денес прв да го пречекам господарот свој, царот.« Авеса, Саруевиот син, проговори и рече: »Зар Семеј нема да умре, поради тоа што зборуваше лошо за помазаникот Господов?« А Давид рече: »Што ви е вам до мене, синови Саруеви, та сега ми станувате клеветници? Денес ли треба да убивате кого и да било од Израилот? Не знам ли јас, дека денес сум цар над Израилот?« Тогаш му рече царот на Семеја: »Ти нема да умреш.« И царот му се заколна. Излезе да го пречека царот и Мемфивостеј, синот на Јонатана, Саулов син. Тој не си ги беше измил нозете, ниту ги исекол ноктите, не беше се грижел за брадата своја и не ги беше испрал алиштата свои од оној ден, кога царот излезе, до денот кога се врати со мир. Кога тој излезе од Ерусалим да го пречека царот, царот го праша: »Мемфивостеј, зошто не дојде со мене?« Овој одговори: »Господаре мој, цару, мојот слуга ме излага, зашто јас, слугата твој, си велев: ‚ќе го оседлам оселот, ќе се качам на него и ќе отидам со царот‘, бидејќи слугата твој е сакат. А тој го наклевети слугата твој пред господарот мој, царот. Но мојот господар, царот, е како Ангел Божји: прави што ти е волја; макар и целиот мој татков дом да беше заслужил смрт пред мојот господар, но ти го постави својот слуга меѓу твоите сотрпезници; какво право имам, пак, уште да се поплакувам пред царот?« А царот му рече: »Зошто го зборуваш сето ова? Јас реков, ти и Сива да ги поделите меѓу себе нивите.« Но Мемфивостеј му одговори на царот: »Нека земе тој дури и сѐ, откако мојот господар – цар се врати со мир во домот свој.« Дојде од Рогелим и Галадецот Верзелиј и го мина со царот Јордан, за да го придружи од онаа страна на Јордан. А Верзелиј беше многу стар, на осумдесет години. Тој го хранеше царот, додека живееше во Маханаим, бидејќи беше имотен човек. Царот му рече на Верзелиј: »Дојди со мене, и јас ќе те хранам во Ерусалим.« Но Верзелиј му одговори на царот: »Многу ли ми останува да живеам, та да одам со царот во Ерусалим? Сега сум на осумдесет години; ќе разликувам ли добро од лошо? Ќе го распознае ли слугата твој вкусот на тоа, што ќе го јаде и ќе го пие? И ќе можам ли да го слушам гласот на пеачите и пеачките? Зошто, пак, слугата твој да му биде товар на својот цар – господар? Слугата твој ќе го придружи уште малку царот од оваа страна на Јордан: зашто, впрочем, царот да ме наградува со таква милост? Дозволи му на слугата твој да се врати и да умре во својот град, крај гробот на татка си и на мајка си своја. Но, ете, слугата твој, синот мој Хамам, нека отиде со мојот цар – господар, и ти постапи со него, како што ти е волја.« Царот му рече: »Нека дојде Хамам со мене, и јас ќе направам за него, она што ти е волја; и сѐ, што би посакал ти од мене, ќе направам за тебе.« Тогаш сиот народ го премина Јордан, и царот исто така. Царот го бакна Верзелија и го благослови и тој се врати во домот свој. И царот тргна за Галгал; тргна со него и Хамам; и сиот јудејски народ и половината Израилски народ го придружија царот. И, ете, сите Израилци дојдоа при царот и му рекоа: »Зошто нашите браќа, мажите Јудини, те грабнаа тебе, и го преведоа преку Јордан царот и челадта негова и заедно со него и сите Давидови луѓе?« Сите Јудини мажи им одговорија на Израилците: »Затоа, што царот ни е нам близок; и зошто се лутите поради тоа? Зар сме изеле нешто од царот, или сме добиле од него дарови? Или нѐ ослободил од даноци?« А Израилците им одговорија на Јудините мажи и рекоа: »Ние сме десет делови во царот, исто така и за Давида ние сме првенец, а не вие; зошто, пак, нѐ унижија? Нели нам ни се паѓаше првиот збор, за да го вратиме нашиот цар? Но зборот на Јудините мажи беше посилен од зборот на Израилците.« Случајно таму се наоѓаше еден лош човек, по име Савеј, син Вохоров, тај затруби со труба и рече: »За нас нема дел со Давида и нема за нас наследство со Јесеевиот син; Израилци, сите во шаторите!« И сите Израилци се одделија од Давида и отидоа по Савеј, синот Вохоров, а Јудејците останаа од страната на царот свој, од Јордан до Ерусалим. Давид дојде во домот свој во Ерусалим; и ги зеде царот десетте жени наложници, што ги беше оставил да ја чуваат куќата; ги смести во одделна куќа под надзор; ги хранеше, но не одеше при нив. И тие престојуваа таму сѐ до смртта своја и живееја таму како вдовици. А Давид му рече на Амесај: »Свикај ги за три дни Јудејците при мене и ти самиот дојди тука!« И Амесај отиде да ги свика Јудејците, но се задржа повеќе од одреденото време. Тогаш Давид му рече на Амесаја: »Вохоровиот син Савеј сега ќе ви донесе повеќе зло, отколку Авесалом; земи ги слугите на господарот свој и следи го, да не би да најде утврдени градови и да се сокрие од очите наши.« И излегоа по него Јоавовите луѓе, и Хелетејците и Фелетејците, и сите јунаци тргнаа од Ерусалим да го прогонуваат Вохоровиот син Савеј. А кога се доближија до големиот камен, што е при Гаваон, ги сретна Амесај. Јоав беше облечен во воената облека своја и препашан со меч, кој висеше на колкот во ножница и кој лесно се вадеше од неа и влегуваше. Јоав му рече на Амесаја: »Здрав ли си, брате?« Јоав ја фати со десната рака своја брадата на Амесаја, за да го бакне. Амесај, бидејќи не се претпази од мечот, што беше во раката на Јоава, и тој го прободе со него во стомакот, така што внатрешнината му се истури на земја, а не го удри по вторпат, и тој умре. Јоав и братот негов Авеса го подгонија Савеја, Вохоровиот син. Еден од Јоавовите слуги стоеше над Авесаја и велеше: »Кој му е верен на Јоава и кој е за Давида, нека оди по Јоава!« А умрениот Амесај лежеше во крвта среде патот. И тој човек, гледајќи, дека сите луѓе се запираат над него, го одвлече Амесаја од патот во полето и стави врз него облека, бидејќи виде, оти секој, што минуваше, се запираше над него. Но кога тој беше одвлечен од патот, сиот народ Израилев тргна по Јоава да го гони Савеја, Вохоровиот син. А тој мина низ сите Израилски племиња до Авел и Вет-Мах и преку целиот Берим; и сите жители од градовите се собираа и одеа по него. И дојдоа и го опсадија Авел и Вет-Мах; издигнаа насип пред градот, се приближија до ѕидот, и сите луѓе што беа со Јоава, напнаа да го соборат ѕидот. Тогаш една умна жена извика од градскиот ѕид: »Чујте, чујте, кажете му на Јоава да дојде ваму, и јас ќе поразговарам со него.« Јоав се приближи до неа, и жената праша: »Ти ли си Јоав?« И тој одговори: »Јас сум.« Таа рече: »Чуј ги зборовите на слугинката твоја.« А тој одговори: »Слушам«. Таа рече: »Едно време велеа: кој сака да праша, нека праша во Авел; и така го решаваа делото. Има ли уште такви, кои се решиле да останат верни Израилци? Нека прашаат во Авел, има ли уште? Јас сум од мирните, верни градови израилски, а ти сакаш да го сосипеш градот, и тоа мајката (на градовите) во Израилот. Зошто да го разурнуваш наследството Господово?« Јоав одговори и рече: »Далеку е од мене да сосипувам или да разурнувам! Тоа не е така; но еден човек од Ефремовата гора, по име Савеј, синот Вохоров, крена рака против царот Давида; само него дајте ми го, и јас ќе отстапам од градот«. А жената му рече на Јоава: »Еве, неговата глава ќе ти биде фрлена од ѕидот.« Жената отиде пред сиот народ со умните зборови свои и му зборуваше на целиот град да му ја пресечат главата на Савеј, Вохоровиот син. И му ја пресекоа главата на Савеј, Вохоровиот син, и му ја фрлија на Јоава. Тогаш Јоав затруби со труба, и сите луѓе се разотидоа од градот по шаторите свои; а Јоав се врати во Ерусалим при царот. Јоав беше поставен над сета израилска војска, додека Ванеја, Јодаевиот син, над Хелетејците и над Фелетејците; Адорам – над даноците; Јосафат, Ахилудовиот син, – за летописец; Суса – за писар; Садок и Авијатар – за свештеници; исто така и Ирас Јаирецот беше свештеник при Давида. Во дните на Давида имаше по земјата три години глад, година по година. Давид го праша Господа. И Господ рече: »Тоа е поради Саула и крвничкиот дом негов, поради тоа што ги погуби Гаваонците.« Тогаш царот ги повика Гаваонците и зборуваше со нив. Гаваонците не беа од Израилевите синови, туку остатоци од Аморејците, на кои Израиците им беа дале клетва, но Саул сакаше да ги истреби од ревност кон потомците на Израилот и на Јуда. И Давид им рече на Гаваонците: »Што да направам за вас и со што да ве задоволам, за да го благословите наследството Господово?« Гаваонците му одговорија: »Не ни треба ни сребро, ни злато од Саула, ниту од неговиот дом, не ни треба ни да се убива кој и да било од Израилот.« Тој праша: »А што сакате? Јас ќе направам.« Тие му одговорија на царот: »Од оној човек, што нѐ погубуваше и сакаше да нѐ истреби, та да нѐ нема во ниеден од Израилевите предели, – од неговите потомци предај ни седум души, и ние ќе ги обесиме среде бел ден пред Господа во Гива, градот на Саула, избраник Господов.« А царот рече: »Ќе ви предадам.« Но царот го пожали Мемфивостеја, синот на Јонатана, Саулов син, поради клетвата во името Господово, која беше меѓу нив, меѓу Давида и Сауловиот син Јонатан. И царот го зеде Армона и Мефивостеја, двајцата синови на Ресфа, од ќерка на Аија, која му ги беше родила на Саула, и петте синови на Мелхола, Саулова ќерка, што му ги беше родила на Ездрила, син на Мохулатецот Верзелиј, и ги предаде во рацете на Гаваонците, и тие ги обесија среде бел ден на гората пред Господа. И загинаа сите тие седум души заедно; тие беа погубени во првите дни на жетвата, во почетокот на јачменовата жетва. Тогаш Рисфа, ќерката на Аија, зеде вреќиште, си го посла на онаа гора и седеше од почетокот на жетвата, сѐ додека се излеаја врз нив од небото Божјите води, и не остави да се допрат до нив и птиците небески и ноќе – полските ѕверови. И му соопштија на Давида, што направила Ресфа, ќерката на Аија, Саулова наложница. И тие истлеани, ги прибра Дан, синот на Јоја, од потомците на исполините. Давид отиде, та ги прибра коските на Саула и коските на синот негов Јонатан од жителите на Јавис Галадски, кои ги беа зеле тајно од плоштадот на Вет-Сан, каде што ги беа обесиле Филистејците, кога Филистејците го убија Саула во Гелвуја. Тој ги пренесе оттаму коските на Саула и коските на синот негов Јонатан; и ги собра коските на обесените среде бел ден. И ги погреба коските на Саула и на синот негов Јонатан, и коските на обесените среде бел ден во земјата Венијаминова, во Сила, во гробот на татко му Киса. И извршија сѐ, што беше заповедал царот. И потоа Бог се смили над земјата. И започна пак војна меѓу Филистејците и Израилците. И излезе Давид и слугите негови со него и војуваа со Филистејците; и Давид се умори. Тогаш Јесвеј, еден од Рефаимовите потомци, чие копје тежеше триста сикли бакар и кој беше препашан со нов меч, сакаше да го погуби Давида. Но Авеса, Саруевиот син, му помогна, и Авеса го спаси Давида и го удри Филистеецот и го уби. Тогаш Давидовите луѓе се заколнаа и рекоа: »Ти нема повеќе да излегуваш со нас во војна, за да не згасне светилото Израилево.« Потоа пак имаше војна со Филистејците во Гет; тогаш Совохај го уби Сафута, еден од Рефаимовите потомци. Стана и друга битка во Гет; тогаш Елханан, синот на Ариоргима Витлеемецот, го уби Гетецот Голијат, на кого дршката на копјето му беше колку ткаечко кросно. Стана уште една битка во Гет; и таму имаше еден крупен човек, исто така од Рефаимовите потомци, со по шест прсти на рацете и на нозете, се дваесет и четири. Тој ги навредуваше Израилците; но Јонатан, синот на Сафаја, Давидовиот брат, го уби. Тие четворицата беа од родот на Рефаимовиците во Гет, и паднаа од раката на Давида и на слугите негови. И Давид испеа песна за Господа во денот, кога Господ го спаси од раката на сите непријатели негови и од раката на Саула, велејќи: »Господ е мојата тврдина, моја крепост и мој спасител. Мојот Бог е моја карпа; на Него се надевам; мој штит, рог на моето спасение, моја заштита и мое прибежиште; Спасителе мој, Ти ме спаси од непријатели. Ќе го призовам сефалениот Господ и од непријателите мои ќе се спасам. Бранови на смртта ме прегрнаа, и потоци од беззаконија ме исплашија; веригите на пеколот ме обвиткаа, и стапици на смртта ме обмотаа. Но во притеснувањето свое го призвав Господа и повикав кон мојот Бог, и Он го чу од Својот свет дворец гласот мој, и повикот мој стигна до ушите Негови. Се затресе, се разниша земјата, затреперија и се поместија основите небески, зашто се разгневи Господ на нив. Се крена дим од гневот Негов, и уривачки оган од устата Негова; жив јаглен се сипеше од Него. Он ги наведна небесата и слезе; и мрак беше под нозете Негови; седна на херувимите, летна и се понесе на ветрови крила; и со мрак се покри како со шатор, згуснувајќи ги водите на облаците небески; од болскотот пред Него се усвитуваа огнени јаглени. Загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас; пушти стрели свои и ги распрсна; болсна со секавица и ги истреби. Се открија изворите морски, се покажаа основите на вселената од страшниот глас на Господа, од дувањето на духот на Неговиот гнев. Он подаде рака од височините, ме фати и ме извлече од големите води; Ме спаси од силниот непријател мој, од оние, што ме мразеа, што беа посилни од мене. Тие станаа против мене во денот на мојата неволја; но Господ ми беше потслон, и ме изведе на широко место, ме спаси, зашто Он благоволи кон мене. Ми воздаде Господ според мојата правда, ме награди според чистотата на рацете мои. Зашто јас ги пазев патиштата Господови и не бев нечестив пред мојот Бог, бидејќи сите заповеди Негови се пред мене, и од заповедите Негови не отстапував, бев непорочен пред Него и внимавав да не згрешам. И Господ ми воздаде според мојата правда, според чистотата моја пред Неговите очи. Со милостивиот Ти постапуваш милостиво, со искрениот маж, – искрено, со чистиот – чисто, а со лукавиот – според лукавството негово. Ти ги спасуваш угнетените и со погледот Свој ги уништуваш горделивите. Ти си Господ, светило мое; Господ ја просветлува мојата темнина. Со Тебе победувам војска; со мојот Бог прескокнувам ѕид. Бог! непорочен е Неговиот пат, чисто е словото Негово; Он е штит за сите, што се надеваат на Него, зашто, кој е Бог, освен Господа, и кој е сила, освен нашиот Бог? Бог ме препаша со сила, ми подготвува чист пат. Ми ги прави нозете како на елен, и ме поставува на висини; ги учи рацете мои на борба, и ги напрегнува мускулите мои како бакарен лак. Ти ми го даваш штитот на Твоето спасение, и Твојата милост ме возвеличува. Ти ги зголемуваш чекорите мои под мене, и моите нозе не се нишаат. Јас ги гонам непријателите мои и ги истребувам, и не се враќам додека не ги уништам; ги истребувам и ги поразувам, и тие не стануваат, а паѓаат под нозете мои. Ти ме препашуваш со сила за бој и ги кутнуваш пред мене оние што станале против мене; Ти го свртуваш кон мене грбот на моите непријатели, и јас ги истребувам оние, што ме мразат. Тие викаат, но нема кој да ги спаси, – кон Господа, но Он не ги слуша. Ги тријам како прав земен, како улична кал ги размачкувам и ги газам. Ти ме спаси од побуната на мојот народ; Ти ме зачува, за да бидам глава над другородците; народ, што не го познавав, ми слугува. Другородците ми ласкаат; штом ќе чујат за мене, ми се покоруваат. Другородците бледнеат и треперат во своите тврдини. Жив е Господ и благословен е мојот заштитник! Нека се превознесува Бог, прибежиштето на моето спасение, Бог, Кој одмаздува за мене, Кој ми ги покорува народите и Кој ме спасува од непријателите мои! Над оние, што стануваа против мене, Ти ме воздигна; Ти ме избави од жестокиот човек. Затоа ќе Те прославувам Тебе, Господи, меѓу незнабошците и ќе го воспевам името Твое. – Тебе, Кој славно го спасуваш Својот цар и му правиш милост на помазаникот Свој Давида и на потомството негово засекогаш.« Еве ги последните Давидови зборови, словото на Јесеевиот син Давида, беседата на оној маж, кој е високо поставен, на помазаникот на Бога Јаковов и на слаткопевецот Израилев: »Духот Господов говори во мене, и словото Негово е на јазикот мој. Рече Бог Израилев, говори за мене карпата Израилева: Оној, што господари со луѓето, нека биде праведен, да господари со страв Божји. И како што изутрина на разденување, при изгрејсонце на безоблачно небо, од греењето по дожд израснува од земјата трева, така е и со мојот дом во Бога. Зашто Он склучи со мене завет вечен, цврст и неизменлив. Така излегува од Него сето мое спасение и сета моја желба. А нечестивите ќе бидат како исфрлено трње, кое не се фаќа со рака; но кој сака да се допре до него, се вооружува со железо или со дрво од копје, и на местото во оган го изгорува.« Еве ги имињата на јунаците Давидови: Хананеецот Евостеј, главен меѓу тројцата: тој го крена копјето свое против осумстотини души и ги порази наеднаш. По него беше Елеазар, син од братот на татка му, еден од тројцата јунаци што беа со Давида и кои со префрлувања ги предизвикуваа Филистејците, кога тие се беа собрале да војуваат. Израилците излегоа против нив, и тој застана и ги поразуваше Филистејците дотаму, додека му се измори раката и се прилепи до мечот. И во тој ден Господ даде голема победа, и народот тргна по него, само за да ги собира убиените. По него – Сама, син на Харовитецот Агеј. Кога Филистејците се собраа во Тирија, каде што имаше нива засеана со леќа, народот избега од Филистејците, но тој застана среде нивата и ја заштити и ги порази Филистејците. И тогаш Господ даде голема победа. Тие тројца главни меѓу триесетте војводи отидоа и влегоа по жетва при Давида во Одоламската пештера, кога филистејските војници стоеја во долината на Рефаим. Тогаш Давид беше во укрепено место, а филистејската војска во Витлеем. Давид побара да пие и рече: »Кој ќе ми донесе да пијам вода од Витлеемскиот кладенец, што е при портите?« Тогаш тие тројца јунаци се провреа низ Филистејскиот логор, зафатија вода од Витлеемскиот кладенец, што е при портите, и зедоа, па му донесоа на Давида. Но тој не сакаше да ја пие, туку ја излеа во слава на Господа, и рече: »Да ме чува Господ да го направам тоа! Не е ли тоа крв на луѓето, што одеа, со опасност по животот свој?« И не сакаше да пие. Ете што извршија тие тројца јунаци! А Авеса, братот на Саруевиот син Јоав, беше главен меѓу тројцата; тој уби со копјето свое триста души и се прослави меѓу тие тројца. Меѓу тројцата тој беше највиден и им стана началник, но на оние тројца не им беше рамен. Ванеја, син на храбиот маж Јодаја, од Кавсаил, голем по делата, ги порази двајцата синови на Ариила Моавски; тој истиот слезе во еден ров и уби лав по снежно време; тој уби и еден Египтјанин, виден човек; Египтјанинот имаше во раката копје, а тој излезе против него со стап и го грабна копјето од раката на Египтјанинот и го уби со неговото копје, – ете, тоа го изврши Јодаевиот син Ванеја, и беше славен меѓу тројцата јунаци; тој беше повиден од триесетте, на оние тројца не им беше рамен. И Давид го постави за најблизок извршител на заповедите свои. Еве ги имињата на силните при царот Давида: Асаил, братот на Јоава – во бројот на триесетте; Елхаанан, синот на Додо, од Витлеем, Сама Харотитецот, Елика Харотитецот, Хелис Келотецот, Ира, синот на Екиса, Авиезер Анатотецот, Савукеј од Асотит, Елаон Неотитски, Махарај Нетофатецот, Хелев Нетофатецот, син Ванин, Итај, син на Ривеја од синовите Венијаминови во Гива, Ванеас Фаратоитски, Идај од Нахле-Гааш. Ави-Албои Арабатитецот, Азмавет Бархумитецот, Елихајба Шалбонецот; од синовите на Јашена – Јонатан, Сама Арарарин, Ахијам, син Сараров, Елифелет, син Асвезов, син на Маахатинец, Елијам Гилонецот, син на Ахитофела, Серај Кармелитец, Фареј Арбитец, Игал, Натанов син – од Сова, Вани од Гад, Селек Амониецот, Нахареј Беротецот, оруженосец на Јоава, Саруев син, Ирас Етирски, Гарев Јетрејски, Урија Гетејски. Сѐ – триесет и седум. Гневот Господов пак се разгори против Израилците и го поттикнаа меѓу нив Давида да рече: »Оди, преброј го Израилот и Јуда.« И царот му кажа на војводата Јоав, кој беше при него: »Обиколи ги сите племиња Израилеви и Јудини од Дан до Вирсавија, и пребројте го народот, за да знам, колку народ има.« Јоав му рече на царот: »Господ, Бог твој, да го умножи народот толку, колку што е, и уште стократно толку, и очите на господарот мој царот да го видат тоа; но зошто мојот цар – господар го бара тоа сега?« Но царскиот збор кон Јоава и воените началници надвладеа. И Јоав заедно со воените началници излезе од царот да го поребројува Израилскиот народ, Тие го минаа Јордан и се здржаа во Ароир, десно од градот, што е среде долината Гад и Елиезер, и дојдоа во Галад и во земјата Тахтим – Ходиш; и стигнаа во Гавастан и Истан и го заобиколија Сидон; дојдоа во Тирската тврдина и во сите хевејски и хананејски градови, излегоа на југ од Јудеја, во Вирсавија, ја обиколија целата земја и стигнаа во Ерусалим по девет месеци и дваесет дена. Јоав му го предаде на царот списокот за народното пребројување; и излезе, дека Израилци имаше осумстотини илјади мажи, силни, способни за војна, а Јудејци – петстотини илјади. И откако Давид го преброи народот, срцето му затрепка. И му рече Давид на Господа: »Тешко згрешив, што постапив така; и сега Ти се молам, Господи, прости му го гревот на Твојот слуга, зашто јас постапив многу неразумно.« Кога Давид стана на другиот ден изутрина, би слово Господово кон пророкот Гад, Давидов јасновидец: »Оди и кажи му на Давида: вака вели Господ: три казни ти предлагам; одбери се една од нив, што ќе се исполни над тебе.« И дојди Гад при Давида, му соопшти и рече: »Одбери си, глад ли да биде во земјата твоја седум години, или три месеци да бегаш од непријателите свои, и тие да те гонат, или, пак, три дни да владее помор во твојата земја? Сега размисли и реши, што да Му одговорам на Оној, Кој ме испрати.« Давид му одговори на Гад: »Многу ми е тешко; но нека паднам во рацете на Господа, зашто големо е Неговото милосрдие; само да не паднам во човечки раце.« И Давид избра помор во времето на пченичната жетва. И испрати Господ помор врз Израилците од утрината до определеното време. И помор почна во народот и умреа од народот, од Дан до Вирсавија, седумдесет илјади души. И Ангел Божји ја испружи раката своја над Ерусалим, за да го опустоши; но Господ се покаја за злото и му кажа на Ангелот, кој го поразуваше народот: »Доста, сега спушти ја раката своја.« А Божјиот Ангел тогаш беше при гумното на Евусеецот Орна. Кога Давид го виде Ангелот, кој што го поразуваше народот, Му рече на Господа, велејќи: »Ете, јас згрешив, јас пастирот постапив беззаконо; но овие овци што направиле? Затоа Твојата рака нека се сврти против мене и против татковиот ми дом.« И во тој ден дојде Гад при Давида и рече: »Оди изгради му жртвеник на Господа врз гумното на Евусеецот Орна.« Тогаш Давид отиде според зборот на пророкот Гад, како што беше заповедал Господ. Орна погледна и виде, дека царот и слугите негови доаѓаат при него; излезе Орна и му се поклони на царот ничкум до земја. Орна праша: »Зошто дошол мојот цар – господар при својот слуга?« Давид му одговори »Да го купам од тебе гумното, за да изградам жртвеник на Господа, та да престане поморот во народот.« Орна му рече на Давида: »Господарот мој, царот, нека земе и принесе жртва што му е по волја. Ете, воловите за сепаленица, и колата и уредите за впрегнување на воловите – за дрва. Сето тоа, царе, Орна му го дава на царот.« Орна му кажа уште на царот: »Господ, твојот Бог, нека биде милостив кон тебе!« Но царот му рече на Орна: »Не, јас ќе ти платам, колку што чини, и нема да му принесам на Господа, мојот Бог, жртва, земена како дар.« И Давид го купи гумното и воловите за педесет сикли сребро. Давид изгради таму жртвеник на Господа и принесе сепаленици и мирни жртви. Подоцна Соломон го прошири жртвеникот, бидејќи беше мал. И Госопод се смилостиви над земјата и поморот кај Израилците престана. Кога царот Давид остаре и исполни години, иако го завиткуваа во алишта, но не можеше да се стопли. Тогаш неговите слуги му рекоа: »Нека побараат за нашиот цар – господар млада девица, за да стои при царот, да го гледа и да лежи при него, – и ќе му биде топло на нашиот цар – господар.« И бараа по сите израилски предели убава девица, и ја најдоа Ависага, Сунамитка, и ја доведоа при царот. Девицата беше многу убава; таа го гледаше царот и му служеше; царот, меѓутоа, не ја позна. Адонија, синот Агитин, се возгордеа и рече: »Јас ќе бидам цар.« Па си набави коњи и коњаници и педесет души брзоодци. Но татко му негов не го обеспокојуваше никогаш со прашањето: »Зошто го правиш тоа?« Тој беше многу убав, а му се беше родил по Авесалома. И тој се советуваше со Саруевиот син Јоав и со свештеникот Авијатар, и тие му помагаа на Адонија. Но свештенкот Садок и Ванеја, Јодаевиот син, пророкот Натан, Семеј, Рисиј и Давидовите јунаци не ја држеа страната на Адонија. И Адонија закла овци, волови и телиња при каменот Зоелет, што е при изворот Рогел, и ги покани сите свои браќа, царски синови, и сите Јудејци што служеа при царот. А пророкот Натан и Ванеја, и другите јунаци и братот свој Соломона не ги покани. Тогаш Натан ѝ рече на Вирсавија, Соломоновата жена, велејќи: »Слушна ли, дека Агитиниот син Адонија се прогласи за цар, а нашиот господар Давид не знае за тоа? Сега, ете, јас те советувам: спасувај го животот свој и животот на синот свој Соломона. Оди и влези при царот Давида и кажи му: ‚Нели ѝ се колнеше, господару мој, цару, на слугинката своја, велејќи – синот твој Соломон ќе биде цар по мене и тој ќе седне на престолот мој? – Зошто тогаш се прогласил за цар Адонија?‘ И ете, додека уште говориш таму со царот, ќе влезам јас со тебе и ќе ги дополнам твоите зборови.« Вирсавија отиде при царот во спалната; царот беше многу стар, и Сунамитката Ависага му служеше. Вирсавија се наведна и му се поклони на царот; царот праша: »Што бараш?« Таа му одговори: »Ти ѝ се заколна на слугинката своја во Господа, твојот Бог: – син ти Соломон ќе царува по мене и тој ќе седне на мојот престол. А сега, ете, Адонија се прогласил за цар, а ти, господару мој, цару, не знаеш за тоа. Тој заклал многу волови, телиња и овци и ги поканил сите царски синови, свештеникот Авијатар и воениот началник Јоав; а Соломон, твојот слуга, не го поканил. Но ти си цар, господару мој, и кон тебе се свртени очите на сите Израилци, за да им соопштиш, кој ќе седне на престолот на мојот цар – господар по него. Инаку кога мојот господар, царот, ќе почине при татковците свои, ќе ме обвинат мене и синот мој Соломона.« Додека таа уште говореше со царот, дојде и пророкот Натан. Му соопштија на царот, велејќи: »Еве го пророкот Натан.« И тој влезе при царот и му се поклони ничкум до земја. И Натан рече: »Господару мој, цару! Си рекол ли ти: ‚Адонија ќе царува по мене и тој ќе седне на мојот престол?‘ Зашто тој сега слегол, заклал многу волови, телиња и овци, ги поканил сите цареви синови, воени началници и свештеникот Авијатар, и, ете, тие јадат и пијат кај него, и извикуваат: ‚Да живее царот Адонија!‘ А мене, твојот слуга, свештеникот Садок, Јодаевиот син Ванеја и твојот слуга Соломона не нѐ покани. Дали станало тоа по волјата на мојот цар – господар? И зошто ти не му откри на својот слуга, кој ќе седне на престолот на мојот цар – господар по него?« Одговори цар Давид и рече: »Повикајте ми ја Вирсавија.« Таа влезе и застана пред царот. Царот се колнеше и велеше: »Жив е Господ, кој ја спасуваше душата моја од секоја неволја! Како што ти се колнев во Господа, Бога Израилев, велејќи дека син ти Соломон ќе царува по мене и тој ќе седне на престолот мој место мене, – така и ќе го направам тоа денес.« Тогаш Вирсавија се наведна ничкум до земја, му се поклони на царот и рече: »Да живее мојот господар, царот Давид, засекогаш!« И царот Давид рече: »Повикајте ми го свештеникот Садок, пророкот Натана и Јодаевиот син Ванеја.« И тие влегоа при царот. Тогаш царот им рече: »Земете ги со себеси слугите на вашиот господар, качете го Соломона, мојот син, на маската моја и одведете го во Гион. И таму свештеникот Садок и пророкот Натан нека го помажат за цар над Израилот, затрубете со труба и извикајте: ‚Да живее царот Соломон!‘ Потоа придружете го назад, и тој ќе дојде и ќе седне на мојот престол; тој ќе царува место мене; нему сум му ветил да биде водач на Израилот и на Јуда.« Ванеја, Јодаевиот син, му одговори на царот и рече: »Амин! – така нека каже Господ, Бог на мојот цар – господар: како што Господ беше со мојот цар – господар, така да биде Он и со Соломона и да го возвеличи престолот негов повеќе од престолот на мојот господар, царот Давида!« Тогаш свештеникот Садок, пророкот Натан, Јодаевиот син Ванеја, Херетејците и Фелетејците отидоа и го качија Соломона на маската од цар Давида и го поведоа кон Гион. И свештеникот Садок зеде рог со елеј од скинијата и го помаза Соломона. И затрубија со труба, и сиот народ извика »Да живее царот Соломон!« И сиот народ го придружуваше Соломона и народот свиреше со свирки и многу се радуваше, така што земјата трепереше од викањето негово. И чу Адонија и сите поканети од него, што беа престанале да јадат; а Јоав, откако чу звук на труба, запраша: »Од што ли е овој шум на разбрануваниот град?« Додека уште говореше, дојде Јонатан, синот на свештеникот Авијатар. И Адонија му рече: »Влези, ти си чесен човек и носиш добра вест.« Јонатан одговори и му рече на Адонија: »Нашиот господар, царот Давид, го постави Соломона за цар; и царот го испрати со него свештеникот Садок, пророкот Натан, Јодаевиот син Ванеја, Херетејците и Фелетејците, и тие го качија на царската маска; и свештеникот Садок и пророкот Натан го помазаа во Гион за цар, и тргнаа оттаму со радост, и градот се раздвижи. Ете од што е шумот, што го слушате. И Соломон веќе седна на царскиот престол. А царските службеници доаѓаа да го поздрават нашиот господар, царот Давида, велејќи: ‚Твојот Бог нека го прослави името на Соломона повеќе од твоето име и нека го возвеличи неговиот престол повеќе од твојот престол!‘ И царот се поклони од леглото свое и го рече ова: нека е благословен Господ, Бог Израилев, Кој денес од семето мое го дарува седнатиот на мојот престол, и тоа моите очи да го видат!« Тогаш сите поканети при Адонија се уплашија, станаа и се разотидоа секој по патот свој. Адонија, пак, плашејќи се од Соломона, стана, отиде и се фати за роговите на жртвеникот. и му соопштија на Соломона, велејќи: »Адонија се плаши од царот Соломона, и, ете, тој се држи за роговите на жртвеникот и вели: ‚Нека ми се заколне сега царот Соломон, дека нема да го убие со меч својот слуга.‘« И Соломон рече: »Ако тој биде чесен човек, ни едно влакно од него нема да падне на земјата; но, ако се најде во него лукавство, ќе умре.« Тогаш Соломон истрати, та го доведоа од жртвеникот. Тој дојде и му се поклони на цар Соломона. А Соломон му рече: »Оди во домот свој!« Наближи времето да умре Давид, и тој му заповеда на синот свој Соломона, велејќи: »Еве, јас заминувам по патот на сите смртни, а ти биди храбар и човек, и чувај го заветот Господов, твојот Бог, одејќи по Неговите патишта и да ги чуваш повелбите Негови и заповедите Негови, судовите Негови и законите Негови, како што е напишано во Мојсеевиот закон, за да бидеш благоразумен во сѐ, што и да правиш, и насекаде, каде и да се свртиш, та Господ да го исполни зборот Свој, што го беше кажал за мене, велејќи: ‚Ако твоите синови ги чуваат патиштата свои, за да одат пред Мене во вистината од сѐ срце и од сета душа, нема да недостига човек од тебе на Израилевиот престол.‘ Но – ти знаеш, што ми направи Саруевиот син Јоав, како постапи со двајцата војводи на израилската војска, со Нировиот син Авенир и со Јетеровиот син Амасеј, како ги уби и во мирно време пролеа крв како во борба, и со борбена крв го искрвави појасот на крстот свој и обувките на нозете свои; а ти постапи со мудроста своја, за да не ја отпуштиш староста негова со мир во пеколот. А на синовите од Галадецот Верзелиј направи им милост, та да бидат меѓу оние, што се хранат на твојата трпеза, бидејќи тие дојдоа при мене, кога бегав од братот твој Авесалома. Ете, при тебе е и Семеј, синот на Венијаминецот Гера од Ваурим; тој ме навредуваше со тешки навреди, кога одев во Маханаим; но тој ми излезе во пресрет при Јордан, и јас му се заколнав во Господа, велејќи: нема да те погубам со меч. Но ти не го оставај неказнет, бидејќи си мудар човек и знаеш што треба да направиш со него, та да ја собориш староста негова окрвавена во пеколот.« И потоа Давид почина при татковците свои и беше погребан во Давидовиот град. А Давид царуваше над Израилот четириесет години: во Хеврон царуваше седум години и во Ерусалим царуваше триесет и три години. Тогаш Соломон седна на престолот на татка си Давида, и царството негово се зацврсти многу. А Адонија, Агитиниот син, дојде кај Вирсавија, Соломоновата мајка и ѝ се поклони. Таа го праша: »Со мир ли си дојден?« Тој одговори: »Со мир.« И тој рече: »Имам нешто да ти кажам.« Таа му рече: »Кажувај.« Тогаш тој продолжи: »Ти знаеш, дека царството ми се паѓаше мене, и сиот Израил ги свртуваше погледите кон мене, како кон иден цар; но царството отиде од мене и се падна на братот мој, бидејќи тоа беше од Господа. Сега те молам за едно: не ми откажувај.« Таа му рече: »Говори.« И тој пак продолжи: »Те молам проговори му на царот Соломона, бидејќи тој нема да ти откаже, да ми ја даде за жена Сунамитката Ависага.« Вирсавија одговори: »Добро, јас ќе зборувам со царот за тебе.« И Вирсавија влезе при царот Соломона да му говори за Адонија. Царот стана пред неа, ѝ се поклони и седна на престолот свој. Поставија престол и за царевата мајка, и таа седна десно од него; и рече: »Имам една молба кон тебе, не ми откажувај.« А царот ѝ одговори: »Барај, мајко, нема да ти откажам.« Таа рече: »Дај му ја Сунамитката Ависага за жена на братот твој Адонија.« Тогаш цар Соломон одговори и ѝ рече на мајка си: »А зошто ја бараш Сунамитката Ависага за Адонија? Побарај го за него и царството, бидејќи тој ми е поголем брат, откај него се свештеникот Авијатар, и Саруевиот син Јоав воен началник и пријател.« И царот Соломон се заколна во Господа, велејќи: »Тоа и тоа да ми направи Господ и уште повеќе да ми додаде, ако Адонија не ги кажал тие зборови по цена на душата своја.« А сега – »жив ми Господ, Кој ме зацврсти и постави на престолот од мојот татко Давида и Кој ми основа дом, како што беше говорел Он, – сега Адонија треба да умре.« И царот Соломон го испрати Јодаевиот син Ванеја, кој го удри и тој умре. На свештеникот Авијатар царот му рече: »Оди си во Анатот на нивата своја; ти заслужуваш смрт, но сега нема да те погубам, бидејќи си го носел ковчегот на Господа Бога пред татко ми Давида, и си трпел сѐ, што трпел и татко ми.« И Соломон го отстрани Авијатара од Господовото свештенство, и се исполни словото на Господа, што го беше кажал за Илиевиот дом во Силом. Дојде глас за тоа до Јоава, – бидејќи Јоав ја држеше страната на Адонија, а не ја држеше страната на Соломона, – и Јоав избега во Господовата скинија и се фати за роговите на жртвеникот. Му соопштија на цар Соломона, дека Јоав избегал во Господовата скинија и дека е кај жртвеникот. Соломон го испрати Јодаевиот син Ванеја, велејќи: »Оди, убиј го и погреби го.« Ванеја дојде во Господовата скинија и му рече на Јоава: »Вака кажа царот: излегувај.« А тој одговори: »Не, јас сакам тука да умрам.« Ванеја му го соопшти тоа на царот, велејќи: »Така рече Јоав и така ми одговори.« Царот му рече: »Направи како што рекол тој: убиј го и погреби го, и пролеаната невина крв од Јоава ќе ја измиеш од мене и од домот на татка ми; Господ нека ја сврти крвта негова врз неговата глава, поради тоа што уби двајца невини мажи подобри од него: тој го погуби со меч, без знаење на татка ми Давида, Нировиот син Авенир, воен началник Израилски, и Етеровиот син Амасеј, воен началник Јудејски; нека се сврти крвта нивна врз главата на Јоава и врз потомството негово засекогаш, а на Давида, и на потомството негово, и на домот негов, и на престолот негов нека биде мир од Господа засекогаш!« И отиде Јодаевиот син Ванеја, го удри Јоава и го уби; и тој беше погребан во куќата своја, во пустињата. Тогаш царот Соломон го постави Јодаевиот син Ванеја над војската место него; а управата на царството беше во Ерусалим. Свештеникот Садок, пак, царот го постави за првосвештеник место Авијатара. Господ му даде на Соломона разум, многу голема мудрост и широк ум како песок крај морето. И Соломон имаше разум поголем од разумот на сите синови на Исток и на сите мудри Египтјани. Тој си ја зеде за жена фараоновата ќерка и ја воведе во Давидовиот град, додека го изгради домот свој и, пред сѐ, домот Господов и ѕидовите околу Ерусалим; по седум години тој ја заврши градбата. Соломон имаше седумдесет илјади души пренесувачи на товари и одумдесет илјади каменоделци во планините. И Соломон направи море и потпирки, големи бањи и столбови, извор во дворецот и бакарно море, изгради кула и тврдини нејзини и го раздели Давидовиот град. Тогаш фараоновата ќерка мина од Давидовиот град во својот дом што тој ѝ го изгради; потоа Соломон изгради ѕидови околу градот. Соломон принесуваше трипати годишно сепаленици и мирни жртви на жртвеникот, што Му го изгради на Господа, и каде што пред Господа врз него и ја заврши градбата на домот. Главните распоредувачи на Соломоновите работи беа три илјади и шестотини, и тие управуваа со народот, што ги извршуваше работите. Тој го изгради Асур и Магдон, Гавер, Горни Ветерон и Валалат; но тие градови тој ги изгради, откако го беше изградил Господовиот дом и ѕидовите околу Ерусалим. Уште додека беше жив, Давид му заповеда на Соломона, велејќи: »Ете, при тебе е Семеј, синот на Гера, Јеминиев син од Веурим; тој ме навредуваше со тешки навреди, кога одев во Маханаим; но тој ми излезе во пресрет при Јордан, и јас му се заколнав во Гсопода, велејќи: нема да те погубам со меч; но ти не оставај го неказнет, бидејќи си мудар човек и знаеш, што треба да направиш со него, за да ја симнеш староста негова окрвавена во пеколот.« Царот испрати, та го повика Семеја и му рече: »Изгради си дом во Ерусалим и живеј тука и никаде не излегувај оттука; и знај, дека во оној ден, во кој ќе излезеш и ќе го минеш потокот Кедрон, бездруго ќе умреш; крвта твоја ќе биде врз твојата глава.« А Семеј му рече на царот: »Добро; како што заповеда мојот цар – господар, така ќе направи твојот слуга.« И Семеј живееше во Ерусалим долго време. Но по три години се случи, та двајца од Семеевите слуги да избегаат при гетскиот цар Анхус, Махов син. И му јавија на Семеја, велејќи: »Ете, твоите слуги се во Гет.« Семеј стана, го оседла оселот и тргна за Гет при Анхуса да ги бара слугите свои. Семеј се врати и ги доведе слугите свои од Гет. И го известија Соломона, дека Семеј одел од Ерусалим во Гет и се вратил. Тогаш царот испрати, та го повика Семеја и му рече: »Нели ти се заколнав во Господа и не ли ти соопштив, велејќи: знај дека во оној ден, во кој ќе излезеш и ќе отидеш некаде, бездруго ќе умреш? И ти ми одговори: добро. Па зошто не ја запази заповедта, што ти ја дадов пред Господа со клетва?« Уште му рече на Семеја царот: »Ти го знаеше и го знае срцето твое сето зло, што си му го направил на татка ми Давида. Туку Гсопод нека ја сврти злобата твоја врз твојата глава! А цар Соломон да биде благословен, и Давидовиот престол да стои цврсто пред Господа засекогаш!« И царот му заповеда на Јодаевиот син Ванеја, и тој отиде, та го удри Семеј, и тој умре. Кога се зацврсти царствово во рацете на Соломона, Соломон се сроди со Фараонот, египетскиот цар, и ја зеде фараоновата ќерка и ја воведе во Давидовиот град, додека да го изгради домот свој, домот Господов и ѕидовите околу Ерусалим. Народот уште принесуваше жртви по обречените места, бидејќи до она време не беше изграден дом на името Господово. Соломот го возљуби Господа, одејќи по наредбите на татка си Давида, но и тој принесуваше жртви и кадеше по оброчиштата. Затоа царот отиде во Гаваон, за да принесе таму жртва, бидејќи таму беше главниот жртвеник. Илјада сепаленици принесе Соломон врз тој жртвеник. Во Гаваон Господ му се јави на Соломона ноќе во сон и му рече: »Барај што сакаш да ти дадам.« Соломон одговори и рече: »Ти му направи голема милост на Твојот слуга, татка ми Давида; и поради тоа што тој одеше пред Тебе, по вистината и правдата и со искрено срце пред Тебе, Ти му ја зачува таа голема милост и му подари син, кој ќе седи на престолот негов, како што е тоа денес; и денес, Господи, Боже мој, Ти го постави за цар Твојот слуга место татка ми Давид, но јас сум сосема млад, не знам ни да излегувам, ни да влегувам. А Твојот слуга е среде Твојот народ, што си го избрал, народ толку многуброен, па поради мноштвото негово не може ни да се преброи, ни да се догледа. Подари му, пак, на Твојот слуга разумно срце, за да му служи на Твојот народ и да разликува: што е добро и што е зло; зашто, кој може да управува со тој многуброен Твој народ?« Угодно Му беше на Господа, што Соломон го побара тоа. Господ му рече: »Затоа што го побара тоа, и не побара за себеси долг живот, не побара богатство, не ги побара душите на твоите непријатели, туку си побара разум, за да умееш да судиш, – Јас ќе направам според зборот твој: еве, ти давам мудро и разумно срце, така што подобен на тебе немало пред тебе, и по тебе нема да се издигне сличен на тебе; и она што не го побара, Јас ти го давам, – и богатство, и слава, така што нема да има подобен на тебе меѓу царевите во сите твои денови; и ако одиш по Мојот пат, пазејќи ги Моите наредби и Моите заповеди, како што одеше татко ти Давид, ќе ги продолжам и твоите дни.« Соломон се разбуди, и, ете, тоа беше сон. И отиде во Ерусалим, та застана пред жртвеникот при ковчегот на заветот Господов, принесе сепаленици и жртви благодарствени и богато ги нагости сите слуги свои. Тогаш дојдоа при царот две жени блудници и се исправија пред него. И едната жена рече: »О, господаре мој! Јас и оваа жена живееме во една куќа, и родив при неа во таа куќа; а на третиот ден, откако родив, роди и таа жена; ние бевме заедно, и во куќата при нас немаше никој надворешен човек; само ние двете бевме во куќата. Преку ноќ умре синот на оваа жена, зашто беше легнала врз него; а таа преку ноќ станала, го зела мојот син од мене, кога јас, твојата слугинка, сум спиела, и го ставила до градите свои, а својот мртов син го ставила до моите гради. Утредента станав да го надојам синот свој, и ете, тој беше мртов; а кога на виделина се загледав во него, тоа не беше мојот син, што го бев родила.« Другата жена рече: »Не, мојот син е живиот, а твојот син е умрениот.« А таа ѝ велеше: »Не, твојот син е умрениот, а мојот е живиот.« И се препираа така пред царот. Царот тогаш рече: »Оваа говори: мојот син е живиот, а твојот е умрениот; а онаа говори: Не, твојот син е умрениот, а мојот син е живиот.« Потоа царот рече: »Дајте ми меч!« И му донесоа меч. И тогаш царот рече: »Пресечете го живото дете на две половини и дајте ја едната половина на едната, а другата половина на другата.« И му одговори на царот онаа жена, чиј беше живиот син, зашто целата нејзина утроба се беше растреперила од жал спрема нејзиниот син: »О, господаре мој! Дајте ѝ го тоа дете живо и не го убивајте«. А онаа другата рече: »Нека биде ни мое, ни твое, сечете го!« И царот проговори и рече: »Дајте ѝ го живото дете на првата, и не го убивајте: таа е неговата мајка.« И сиот Израил чу за судот, како пресуди царот. И почнаа да се плашат од царот, зашто видоа дека има мудрост Божја во него, за да извршува суд. Царот Соломон беше цар над сиот Израил. И еве кои беа неговите кнезови: Азарија, син на свештеникот Садок; Елихореф и Ахија, синови на Сива – писари; Јосафат, Ахилудов син – летописец; Ванеја, Јодаевиот син, – војвода, Садок и Авијатар – свештеници; Азарија, Натановиот син, – началник на управителите, и Завут, син на свештеникот Натан, – пријател на царот; Ахисар, – управник на царскиот дом, а Адонирам, – син Авдин – на даноците. Соломон имаше дванаесет управници над сиот Израил, кои му доставуваа храна на царот и на неговиот дом; секој беше должен да доставува храна за по еден месец во годината. Еве ги имињата нивни: синот Уров – на Ефремовата гора; синот на Декер – во Макас и во Салвим, во Ветсамис, во Елон и во Вет-Анан; синот Седафоф – во Арувот; нему исто така му припаѓаше Сохот и целата земја Оферова; синот на Аминадав – над целиот крај Дор; а Тафат, Соломоновата ќерка, беше негова жена; Вана, Ахилудовиот син, во Тенах и Мегидон, и во целиот Вет-Сан кој е блузи до Сартан под Језраел, од Вет-Сан до Авел-Мехол, и дури зад Јок-Меам; синот Геверов – во Рамот Галадски; нему му припаѓаа селата на Јаира, Манасиев син, кои се во Галад; нему му припаѓаше и областа Аргов, во Васан, шеесет големи градови со ѕидови и бакарни резиња; Ахинадав, Идов син, во Маханаим; Ахимас, во земјата Нефталимова; тој си ја беше земал за жена Васемата, Соломонова ќерка; Вана, Хусев син, во земјата Асирова и во Алот; Јосафат, Фаруев син, во земјата Исахарова; Семеј, синот на Ила, во земјата Венијаминова; Гевер, Уриев син, во земјата Галадска, во земјата на аморејскиот цар Сион, и на васанскиот цар Ог. Тој беше управник на таа земја. Јудејците и Израил, бидејќи многубројни како песокта при морето, јадеа, пиеја и се веселеа. Соломон владееше со сите царства од реката Ефрат до Филистејската земја и до границата на Египет. Тие принесуваа дарови и му служеа на Соломона во сите дни на животот негов. Секојдневната храна на Соломона беше: тиесет кори пченично брашно и шеесет кори друго брашно, десет згоени волови и дваесет волови одбрани и сто овци, освен елени и срни, и диви кози и птици; зашто тој господареше над целата земја од оваа страна на реката, од Тапса до Газа, над сите цареви од оваа страна на реката, и имаше мир со сите околни земји. И живееја Јудејците и Израил спокојно, секој под лозата своја и под смоквата своја, од Дан до Врисавија, преку сите Соломонови дни. Соломон имаше четириесет илјади коњи за коли и дванаесет илјади за коњицата. И управниците му доставуваа на цар Соломона сѐ што требаше за царската трпеза, секој во својот месец, и не дозволуваа да има недостиг од ништо. Исто така и јачмен, и слама за коњите и за маските доставуваше секој навремено во местото, каде што се наоѓаше царот. А Бог му даде на Соломона мудрост, многу голем разум и широк ум како песокта на морскиот брег. И Соломоновата мудрост беше поголема од мудроста на сите синови на Исток, од сета мудрост на Египтјаните. Тој беше помудар од сите луѓе, помудар и од Гетана Језраилецот и од Емана, и од Халкада и Дарда, Самадовиот син, и името негово се славеше по сите околни народи. Тој изрече три илјади мудри изреки, а песните негови беа илјада и пет; тој изговори и за дрвјата, од кедар, што е во Ливан, до исоп, што никнува по карпите; тој говореше и за животните, за птиците, за влекачите и за рибите. И од сите народи доаѓаа да ја чујат Соломоновата мудрост, и сите земни цареви, што беа слушале за неговата мудрост. Хирам, тирски цар, ги испрати слугите свои при Соломона, откако чу, дека го помазале за цар место татка му, зашто Хирам беше Давидов пријател во текот на целиот негов живот. А и Соломон испрати да му кажат на Хирама: »Ти знаеш, дека татко ми Давид не можеше да изгради дом на името Господово, својот Бог, поради војните со околните народи, додека Господ не го покори под нозете негови; но сега Господ, мојот Бог, ми даде спокојство од сите страни: нема противник и нема веќе стапици. И, ете, јас имам намера да изградам дом на името Господово, мојот Бог, како што му беше рекол Господ на татка ми Давида, велејќи: ‚Твојот син, кого што ќе го поставам на твојот престол место тебе, ќе изгради дом на Моето име.‘ Затоа, заповедај да ми насечат кедрово дрво од Ливан; и ете, моите слуги ќе бидат заедно со твоите слуги, како ти што ќе определиш, зашто знаеш, дека кај нас нема луѓе, кои умеат да сечат дрва така, како Сидонците.« Кога Хирам ги чу зборовите од Соломона, многу се зарадува и рече: »Благословен нека е денес Господ, Кој му даде на Давида мудар син, за да управува со тој многуброен народ!« И Хирам испрати при Соломона да кажат: »Го ислушав тоа, за кое беше си испратил до мене; ќе ја исполнам твојата желба за кедровото дрво и кипарисовото: слугите мои ќе ги довлечкаат од Ливан до морето, и на сплавови ќе ги дотераат по море до местото, што ќе ми го определиш; таму ќе ги растоварам, и ти ќе ги земеш; но и ти исполни ја желбата моја, да доставуваш храна за мојот дом.« И Хирам му даваше на Соломона кедрово дрво и кипарисово дрво, според желбата негова. А Соломон му даваше на Хирама дваесет илјади кори пченица за исхрана на неговиот дом и дваесет кори цедено маслиново масло, – толку Соломон му даваше на Хирама секоја година. Господ му даде на Соломона мудрост, како што му беше ветил. И меѓу Хирама и Соломона имаше мир, а склучија и сојуз меѓу себе. Цар Соломон наложи обврска врз сиот Израил; а обврската се состоеше од триесет илјади луѓе. Тој ги испраќаше во Ливан, по десет илјади на месец, на смени; еден месец престојуваа во Ливан, а два месеци – по домовите свои. Адонирам, пак, беше нивни управник. Соломон имаше уште седумдесет илјади пренесувачи на товари, и осумдесет илјади каменоделци во планините, надвор од трите илјади и триста настојници, што Соломон ги беше поставил над работата, да го надгледуваат народот, што ги извршуваше работите. И царот заповеда да донесуваат големи камења за основата на домот, камења делкани. Ги делкаа, пак, Соломонови работници и Хирамови работници и Гевалци, и подготвуваа дрвја и камења за градење на домот три години. Во четиристотини и осумдесеттата година по излгувањето на Израилевите синови од Египетската земја, во четвртата година на Соломоновото царување над Израилот, во месец Зиф, кој е втор месец, Соломон почна да Му гради храм на Господа. А храмот, што цар Соломон Му го изгради на Господа, беше долг шеесет лакти, широк – дваесет и висок – триесет лакти; тремот пред храмот беше долг дваесет лакти, според ширината на храмот, и широк – десет лакти пред храмот Во храмот тој направи прозорци, затворени со решетки. И направи доградба околу ѕидовите на храмот, околу храмот и Свјатаја Свјатих; а направи и странични соби наоколу. Долниот кат на зградата беше широк пет лакти, средниот широк – шест лакти, а третиот – широк седум лакти; зашто околу храмот надвор беа направени растојанија за доградба да не допираат до ѕидовите на храмот. Кога се градеше храмот, за градење се употребуваа делкани камења, така што за време на градењето на храмот не се слушаше, ни чекан, ни тесла, ниту некакво друго железно орудие. Вратата на средниот кат беше десно од храмот. По тркалезни скали се искачуваа на вториот кат а од вториот – на третиот. Така го изгради тој храмот, го изгради и го обложи со кедрови штици. и догради до целиот храм странични соби, високи пет лакти; тие беа прикрепени кон храмот со кедрови греди. И би слово Господово кон Соломона, и му беше речено: »Ете, ти градиш храм: ако одиш по Моите закони, ако постапуваш по Моите наредби и ако ги пазиш сите Мои заповеди, управувајќи се според нив, Јас ќе го исполнам врз тебе словото Свое, што му го бев кажал на татка ти Давида; И ќе живеам среде Израилевите синови и нема да го оставам Мојот народ Израилот.« И така, Соломон го изгради храмот и го заврши. Ги обложи ѕидовите на храмот однатре со кедрови штици; од подот до потонот ти обложи однатре со дрво, а подот на храмот го покри со кипарисови штици. а во задната страна на храмот на дваесет лакти од крајот, издигна ѕид и ги обложи ѕидовите и подот со кедрови штици, и направи простор за Свјатаја-Свајтих. А храмот, само предниот дел на храмот, имаше четириесет лакти. По кедарот однатре имаше резби, слични на краставички и распукнати цветови; сѐ беше покриено со кедар, камен не се гледаше. А внатре во храмот тој подготви оддел за да го постави таму ковчегот нз заветот Господов. Одделот беше долг дваесет лакти, широк дваесет лакти, и висок дваесет лакти; тој го опкова со чисто злато; исто така го опкова и кедровиот жртвеник. Одвнатре, Соломон го опкова храмот со чисто злато, и протегна златни вериги пред Свајтаја Свјатих, и ја опкова со злато. Целиот храм тој го обложи со злато, целиот храм докрај, и целиот жртвеник, што е пред Свјатаја-Свјатих, го опкова со злато. А во Свјатаја-Свјатих направи два херувима од маслиново дрво, високи по десет лакти Едното крило на херувимот беше долго пет лакти и другото крило на херувимот – пет лакти; десет лакти имаше од едниот крај на крилјата негови до другиот крај на крилјата негови. Десет лакти имаше и другиот херувим; еднаква мерка и еднаков облик имаа двата херувима. Височината на едиот херувим беше десет лакти, исто така и на другиот херувим. Тој ги постави херувимите среде внатрешниот дел на храмот. А крилјата на херувимите беа раширени, и крилото на едниот се допираше до едниот ѕид, а крилото на другиот херувим допираше до другиот ѕид; другите нивни крилја пак се среќаваа крило со крило среде храмот. Тој ги обложи херувимите со злато. И по сите ѕидови на храмот наоколу издлаби ликови на херувими, палми и расцутени цветови, однатре и однадвор. И подот на храмот го опкова со злато во внатрешниот и предниот дел. За влез во Свјатаја Свјатих тој направи врата од маслиново дрво со петоаглони спојки. На двете половини на вратата од маслиновото дрво тој издлаби херувими, палми и расцутени цвеќиња и ги обложи со злато; го покри со злато и херувимите и палмите. И при влезот на храмот тој направи четириаголни столбови од маслиново дрво и две врати од кипарисово дрво; двете половинки на едната врата беа подвижни, и двете половинки на другата врата исто така беа подвижни. Издлаби по нив херувими, палми и расцутени цвеќиња и ја обложи резбата со злато. И внатрешниот трем го направи од три реда делкани камења и од еден ред кедрови греди. На четвртата година, во месецот Зиф, вториот месец, тој ги беше положил основите на храмот Господов, а на единаесеттата година, во месецот Вул, тоа е осмиот месец, – тој го заврши храмот со сите негови принадлежности и според сите негови преднацрти. Соломон го градеше храмот седум години. Потоа Соломон изгради свој дом, а го градеше тринаесет години, и наполно го заврши. Тој го изгради домот свој од ливанско дрво: долг сто лакти, широк педесет лакти, а висок триесет лакти, на четири реда кедрови столбови; и кедрови греди беа положени врз столбовите. Подот беше послан со кедар врз греди на четириесет и пет столба, по петнаесет во ред. Прозорски столбови имаше три реда; имаше и три реда прозорци, прозорец спроти прозорец. Сите врати и соби беа четириаголни, прозорец спроти прозорец во три реда. Тој направи и трем од столбови, педесет лакти долг, триесет лакти широк, и пред нив – трем, столбови, и праг пред нив. Уште направи и трем со престол, од кој тој судеше, трем за судилиште, и сите подови ги покри со кедар. Во домот, каде што живееше, имаше друг двор зад тремот, исто така изграден. И во домот на фараоновата ќерка, која Соломон ја беше зел, направи исто така трем. Сето тоа беше направено од скапи камења – делкани според размер, изрежани со трион однатре и однадвор, – од основата до покривот, и однадвор до големиот двор. Во основата беа положени скапи камења, камења големи, камења од десет лакти; и одозгора скапи камења, делкани според размер, и кедар. Големиот двор беше ограден наоколу со три реда делкани камења и со еден ред кедрови греди; исто така и внатрешниот двор на храмот Господов и храмовиот трем. Цар Соломон испрати да го доведат од Тир Хирама, син на една вдовица од Нефталимовото племе. Татко му тирјанин, беше бронзоливец; тој беше способен и искусен, а умееше да прави секакви предмети од бронза. И тој дојде при цар Соломона и му правеше секакви работи: тој изли два бронзени столба, секој висок по осумнаесет лакти, и врвот од дванаесет лакти го опфаќаше пречникот на едниот и на другиот столб; тој направи и две главички, излеани од бронза, за да ги стави врз столбовите; пет лакти висока едната главичка и пет лакти висока втората главичка; направи мрежи плетени и врвови како вериги за главичките, што беа врз столбовите: седум за едната главичка и седум за другата главичка. Така ги направи тој столбовите и два реда нарови околу мрежата, за да ги покрие главичките, што се при столбовите, истото го направи и за другата главичка. А во тремот главичките при столбовите беа направени слично на крин, четири лакти; и главичките врз двата столба одозгора беа такму над издадената работа, што беше до мрежата; и врз другата главичка во редови наоколу двесте нарови. И ги постави столбовите на храмовиот трем; постави столб оддесно и му даде има Јахин; постави столб и одлево и го нарече Воас. А над столбовите положи главички, направени слично на крин. Така заврши работата над столбовите. Направи и излеано од бронза море – од едниот негов крај до другиот имаше десет лакти, – и сосема кружно, пет лакти високо; и венец од триесет лакти го опфаќаше наоколу. Под краиштата негови имаше од сите страни издадени работи како јаболка по десет на лакот; тие го опкружуваа морето од сите страни во два реда; издадените работи како јаболка беа излеани заедно со него. Тоа стоеше на дванаесет вола: три гледаа кон север, три гледаа кон запад, три гледаа кон југ и три гледаа кон исток; морето стоеше врз нив, а задната страна му беше свртена навнатре под него. Тоа беше дебело една дланка, а краиштата негови, направени како краишта на чаша, прилегаа на процутен крин. Тоа собираше две илјади мери. Тој направи и десет борнзени подножја; секое подножје беше долго четири лакти, широко – четири лакти, високо – три лакти. Еве ја направата на подножјата: тие имаа страни, страни меѓу аголните продолжетоци. Врз страните, што беа меѓу аголните продолжетоци, имаше обликувани лавови, волови и херувими; исто така и врз аголни продолжетоци; а над лавовите и воловите и под нив имаше висечки венци; секое подножје имаше по четири бронзени тркала и бронзени оски. На четирите агли имаше испупчувања како раменици, излеани испупчувања, оддолу под мијалникот, до секој венец. Отворот од внатрешниот венец до горе имаше еден лакот; отворот му беше кружен како подножјето на столбовите; лакот и половина, и при отворот негов – резби; но страните беа четириаголни – не кружни. Под страните имаше четири тркала и оски на тркалата во подножјата; секое тркало беше високо лакот и половина. Направата на тркалата беше исто таква, како тркалата на колите; оските нивни, оплатите нивни, спиците нивни и главичките нивни – сѐ беше излеано. Имаше четири испакнатини на четирите агли на секое подножје; од подножјата излегуваа испакнатините негови. И врз подножјата имаше испакнатини, половина лакот високи, а над подножјата дршките нивни и ѕидовите им беа од иста материја. Тој изваја и врз штичките на дршката нејзина и на ѕидовите нејзини херувими, лавови и палми, колку што дозволуваше местото, и наоколу – висечки венци. Така направи тој десет подножја; сите еднакво излеани, еднаква мерка, еднаков изглед. Направи и десет бронзени мијалници; секој мијалник собираше по четириесет мери; секој мијалник имаше четири лакти; секој мијалник стоеше на едно од десетте подножја. Тој ги распореди подножјата – пет десно од храмот и пет лево од храмот, а морето го постави десно од храмот, на источната страна кон југ. Хирам ги направи мијалниците, лопатките и машите. И ја сврши Хирам целата работа, што ја вршеше при цар Соломона за храмот Господов, односно: два столба и два појаса на главичките, што се врз столбовите, и две мрежи за покривање на двата појаса на главичките, што се врз столбовите, и четиристотини нарови на двете мрежи; два реда нарови на секоја мрежа за покривање на двата појаса над главичките, што се врз столбовите, и десет подножја и десет мијалници на подножјата; едно море и дванаесет вола под морето; и котли, и лопатки, и чаши. Сите работи, што Хирам му ги направи на царот Соломона за храмот Господов, беа од измазнет бакар. Царот ги излеа во глинена земја, во околината на Јордан, меѓу Сохот и Сартан. Соломон ги постави сите тие работи на местата нивни. Поради нивното извонредно множество тежината на бронзата не беше определена. Соломон ги направи и сите предмети, што се во храмот Господов: златен жртвеник и златна трпеза, на која се ставаат лебовите на предложението: светилници – пет оддесно и пет одлево, пред задното одделение на храмот, од чисто злато, цвеќиња, кандилца и штипки од злато; и чинии, и ножеви, и чаши, и подносници и кадилници од чисто злато; резиња за вратите на внатрешноста од храм во Свјатаја Свјатих и за вратите во храмот, исто така од злато. Така беше свршена сета работа, што ја изврши цар Соломон за храмот Господов. И го принесе Соломон посветеното од татко му Давида: среброто, златото и предметите ги предаде во ризницата на храмот Господов. Тогаш Соломон ги повика кон себе во Ерусалим старешините Израилеви и сите кнезови на племињата, родоначалниците на синовите Израилеви, за да го пренесат Ковчегот на заветот Господов од Давидовиот град, од Сион – во храмот. И се собраа на празникот при царот Соломон сите Израилци во месецот Атаним, кој е седмиот месец. Дојдоа сите старешини Израилеви; и свештениците го кренаа ковчегот и го понесоа Ковчегот Господов и скинијата на сведоштвото и сите свештени предмети, што беа во скинијата; а ги носеа свештениците и Левитите. А цар Соломон и со него целиот израилски собор, што се беше собрал при него, одеа пред Ковчегот, принесувајќи жртви од ситен и крупен добиток, кој не беше можно да се изброи и пресмета и поради мноштвото негово. Свештениците го внесоа Ковчегот на заветот Господов на местото негово, во внатрешноста на храмот, во Свјатаја Свјатих, под крилјата на херувимите. Зашто херувимите ги ширеа крилјата над местото на Ковчегот, и херувимите го покриваа одозгора Ковчегот и лостовите негови. Лостовите се подаваа така, што главичките нивни се гледаа во светилиштето, но не излегуваа надвор; тие се таму и до денес. Во ковчегот намаше ништо, освен двете камени плочи, кои Мојсеј ги беше положил внатре во Хорив, кога Господ склучи завет со синовите Израилеви, откако беа излезени од Египетската земја. Кога свештениците излегоа од светилиштето, облак го исполни домот Господов. И свештениците не можеа да стојат на службата поради облакот, бидејќи светлината Господова го исполни храмот Господов. Тогаш Соломон рече Господ благоволи да живее во магла: »Ти изградив храм Тебе за живеалиште, место, каде што ќе престојуваш засекогаш.« И царот се сврти со лицето свое, и го благослови целото собрание на Израилците, а целото собрание на Израилците стоеше. – Тогаш рече: »Нека е благословен Господ, Бог Израилев, Кој со устата Своја му рече на татка ми Давида, и реченото денес го исполни со раката Своја! Он беше рекол: ‚Од оној ден, кога ги изведов Мојот народ Израилот од Египет, Јас не одбрав град меѓу племињата Израилеви, за да се изгради дом, каде што ќе остане засекогаш името Мое; го избрав Давида, тој да биде над Мојот народ Израилот.‘ Тако ми Давид намисли да изгради храм во името на Господа, Бога Израилев; но Господ му рече на татка ми Давида: ‚ти си намислил да изградиш храм на името Мое; добро е дека ти е тоа на срцето; меѓутоа, ти нема да изградиш храм, туку твојот син, кој излегол од бедрата твои, – тој ќе изгради храм на името Мое.‘ И Господ го исполни словото Свое, што беше го изрекол; јас се издигнав на местото на таткото мој Давида, и седнав на престолот Израилев, како што рече Господ, и изградив храм во чест на името Господово, Бога Израилев; и подготвив таму место за ковчегот, во кој е заветот на Господа, што го беше склучил со нашите татковци, кога ги изведе од Египетската земја.« Тогаш застана Соломон пред жртвеникот Господов, пред целото собрание на Израилците, ги крена рацете кон небото и рече: »Господи, Боже Израилев! Нема Бог како Тебе ниту на небото горе, ниту на земјата долу; ти го пазиш заветот и милоста кон слугите Свои, кои одат пред Тебе од сѐ срце. Ти го исполни на Својот слуга Давида, мојот татко, она, што му го беше ветил; она што го беше изрекол со устата Своја, денес го изврши со раката Своја. И сега, Господи, Боже Израилев, исполни го на Својот слуга Давид, мојот татко, она што му го беше говорел, велејќи: ‚Пред лицето мое нема да престане да излегува од тебе маж, кој седи на Израилевиот престол; доволно е само синовите твои да се држат за патот свој, одејќи пред Мене така, како што ти одеше пред Мене.‘ И сега, Боже Израилев, нека биде верно словото Твое, што си му го рекол на Својот слуга Давида, мојот татко! Но зар Бог ќе сака да живее на земјата! Небото и небото на небесата не Те собираат, а уште помалку овој храм, што сум го изградил јас на Твоето име; но погледни милостиво кон молитвата на Твојот слуга и кон молбата негова, Господи, Боже мој! Чуј го повикот и молитвата со која Твојот слуга Те моли денес. Да бидат очите Твои отворени кон тој храм дење и ноќе, кон ова место, за кое си рекол: името Мое ќе биде таму; чуј ја молитвата, со која ќе се моли Твојот слуга на тоа место. Чуј ја молбата на Твојот слуга и на Твојот народ Израилот, кога тие ќе се молат на ова место; чуј од местото на Твоето живеалиште, од небесата, чуј и смилувај се. Кога некој ќе згреши против ближниот свој, и ќе побара од него клетва, за да се заколне, и заради клетвата ќе дојдат пред Твојот жртвеник во овој храм, тогаш чуј од небото и изврши суд над Своите слуги, обвини го виновниот, стоварувајќи му ја врз главата негова постапката негова, и оправдај го правиот, давајќи му според правдата негова. Кога Твојот народ Израилот ќе биде поразен од непријателите, поради тоа што згрешил пред Тебе, и кога тие ќе се обрнат кон Тебе и ќе го исповедаат името Твое и Те бараат и Те молат во овој храм, – чуј тогаш од небото и прости му го гревот на Твојот народ Израилот, и врати ги во земјата, што си им ја дал на татковците нивни. Кога ќе се заклучи небото и ќе нема дожд, поради тоа што ќе згрешат пред Тебе, ќе го исповедаат името Твое и се свртат од гревот свој, бидејќи се ги смирил, – чуј тогаш од небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот народ Израилски, покажувајќи им го добриот пат, по кој да одат, и испрати дожд врз Твојата земја, што си му ја дал на народот Свој во наследство. Глад ли ќе настане по земјата, или помор, огнен ветар ли, гламја, скакулци, или гасеници, непријателот ли ќе го притисне во земјата негова, некаква неволја ли ќе се појави, или болест, – при секоја молитва, при секоја молба што доаѓа од кој и да било човек од сиот Твој народ Израилски, кога ќе почувствуваат болка во срцето свое и ќе ги подадат рацете кон овој храм, чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, и смилувај се; направи и воздај секому според патиштата негови, како што го гледаш срцето негово, бидејќи само Ти ги познаваш срцата на сите човечки синови: за да се плашат од Тебе во сите дни, додека живеат на земјата, што си им ја дал на татковците нивни. Ако и некој другородец, кој не е од Твојот народ Израилот, дојде од далечна земја заради Твоето име, – зашто ќе чујат за Твоето големо име, за Твојата силна рака и за Твојата крената мишка, – дојде и се помоли во овој храм, чуј од небото, од местото на Своето живеалиште, и направи сѐ, за што другородецот Те повика, та сите земни народи да го знаат Твоето име, за да се бојат од Тебе, како Твојот народ Израилот, да знаат дека овој храм, што го изградив јас, е наречен на Твое име. Кога Твојот народ излезе од војна против својот напријател по патот, по кој ќе го испратиш, и му се помоли на Господа, обрнувајќи се кон градот, што Ти си го избрал, и кон храмот, што го изградив на Твоето име, тогаш чуј ја од небото молитвата нивна и молбата нивна и направи го она, што им е потребно ним. Кога ќе згрешат пред Тебе, – зашто нема човек што да не греши, – и Ти ќе им се разгневиш и ќе ги предадеш на непријателите, и оние, што ги плениле, ги одведат во непријателска земја, далечна или блиска; и кога во земјата, каде што ќе бидат во пленство, дојдат на себеси и се обрнат кон Тебе и Ти се помолат во земјата на оние, што ги плениле, велејќи: ‚Згрешивме, извршивме беззаконие, виновни сме‘; и кога ќе се обрнат кон Тебе од сето срце свое и од сета душа своја во земјата на непријателите, што ги плениле, и ти се помолат, обрнувајќи се кон својата земја, што си им ја дал на татковците нивни, кон градот, што си го избрал, и кон храмот, што го изградиле на Твое име, – тогаш чуј ја од небото, од местото на Твоето живеалиште, молитвата и молбата нивна, и направи што им е ним потребно; и прости му на Твојот народ, за она што згрешил пред Тебе, и сите негови престапи, што ги извршил пред Тебе, и предизвикај сострадание кон нив кај оние, што ги плениле, та да бидат милостиви кон нив; зашто тие се Твој народ, и Твој дел, што Ти го изведе од Египет, од железната печка. Ушите Твои и очите Твои нека бидат отворени за молбата на Твојот слуга и за молитвата на Твојот народ Израилски, за да ги чуваш секогаш, кога Те повикуваат, зашто Ти си ги одделил за Свој дел меѓу сите земни народи, како што си рекол преку Мојсеја, Твојот слуга, кога ги изведе татковците наши од Египет, Владико Господи!« Откако Соломон ја заврши кон Господа целата оваа молитва и молба, па како што беше коленичел, стана од пред жртвеникот Господов, со рацете подигнати кон небото. И, исправен, го благослови целото собрание на Израилците, велејќи со висок глас: »Нека е благословен Бог, Кој му даде спокојство на Својот народ Израилот, како што беше говорел! Не остана неисполнет ниеден збор од сите Негови добри зборови, што ги беше изрекол преку својот слуга Мојсеја; нека биде со нас Господ, Бог наш, како што беше со татковците наши; да не нѐ остава, и да не нѐ напушта, приклонувајќи ги срцата наши кон Себеси, за да одиме по сите патишта Негови и да ги чуваме заповедите Негови и законите Негови, што им ги заповеда на татковците наши. И овие зборови, со кои се молев пред Господа денес, нека бидат блиски до Господа, нашиот Бог, дење и ноќе, за да го врши Он она што е нужно за Неговиот слуга и за Неговиот народ Израилот секој ден, та да го познаат сите народи, дека Господа е Бог, и дека нема друг освен Него. Срцето ваше нека биде наполно предадено на Господа, нашиот Бог, за да одите по наредбите Негови и да ги пазите заповедите Негови, како денес.« Тогаш царот и сите Израилци со него Му принесоа жртви на Господа. Соломон закла за мирна жртва, што му ја принесе на Господа, дваесет и две илјади крупен добиток и сто дваесет илјади ситен добиток. Така царот и сите синови Израилеви му Го осветлија храмот на Господа. Во истиот ден царот го освети средниот дел на дворот, кој е пред храмот Господов, принесувајќи сепаленици и лебен принос и вознесувајќи ја лојта од мирните жртви, бидејќи борнзениот жртвеник, што е пред Господа, беше мал да ги собере сепалениците, лебниот принос и лојта од мирните жртви. Така Соломон направи празник и сиот Израил со него – собор голем, кој се беше собрал од влезот во Емат до Египетската река, пред Господа, нашиот Бог; празнуваа и јадеа, и пиеја и се молеа пред Господа, нашиот Бог, во изградениот храм седум дена и уште седум дена, односно четиринаесет дена. Во осмиот ден Соломон го распушти народот. Сите го благословија царот и си отидоа по шаторите свои, радувајќи се и веселејќи се во срцето свое за сето добро, што Господ му го направи на Својот слуга Давида и на Својот народ Израилот. Откако Соломон заврши градбата на Господовиот храм, на царскиот дом и сѐ, што беше посакал да направи, Господ повторно му се јави на Соломона, како што му се беше јавил во Гаваон. И Господ му рече: »Јас ја чув твојата молитва и твојата молба, за која Ме молеше и направив сѐ според твојата молитва, го осветив тој храм, што го изгради ти, за да биде засекогаш името Мое таму довека, и очите Мои, и срцето Мое ќе бидат таму во сите дни. А ти, ако одиш пред Моето лице, како што одеше татко ти Давид, со чисто срце и со правина, исполнувајќи сѐ, што сум ти заповедал, и ако ги пазиш Моите уредби и Моите закони, Јас ќе го поставам твојот царски трон над Израилот засекогаш, како што му реков на татка ти Давида, велејќи: ‚Нема да престане да излегува од тебе маж, кој седи на престолот Израилев.‘ Ако вие и синовите ваши отстапите од Мене и не ги пазите Моите заповеди и Моите уредби, што сум ви ги дал, и ако тргнете и почнете да служите на други богови и да им се поклонувате, Јас ќе го истребам Израилот од лицето на замјата, што сум му ја дал, и храмот, што сум го посветил на Мое име, ќе го отфрлам од лицето Свое, и Израилот ќе стане за приказ и за подбивање кај сите народи. И за тој висок храм, секој, што ќе мине покрај него, ќе се вжаси, ќе потсвирне и ќе рече: ‚зошто ли постапил Господ така со оваа земја и со овој храм?‘ И ќе речат: ‚затоа, што тие го оставија Господа, својот Бог, Кој ги изведе татковците нивни од Египетската земја, и се приврзаа кон други богови, им се поклонуваа и им служеа, – затоа Господ им го испрати ова зло!‘« Откако изминаа дваесет години, во текот на кои Соломон изгради два дома, – домот Господов и царскиот дом, – за кои тирскиот цар Хриам му набавуваше на Соломона кедрово дрво и кипарисово дрво и злато според желбата негова, – цар Соломон му даде на Хирама дваесет градови во Галилејската земја. И Хирам излезе од Тир да ги прегледа градовите, што му ги даде Соломон, и тие не му се допаднаа. Затоа тој рече: »Какви се тие градови, што ти, брате мој, ми ги даде?« И ги нарече замја Кавул, како што се нарекуваат и денес. А Хирам му беше испратил на царот сто и дваесет таланти злато. Оттука и распределбата за данокот, што го наложи Соломон, за да го изгради храмот Господов и својот дом, Мелон и ѕидовите ерусалимски, Асор и Мегидон и Газер. Фараонот, египетскиот цар, беше дошол и го презел Газер, и со оган го беше изгорел, а Хананејците, што живееја во градот, ги беше испотепал, и го беше дал како мираз на ќерка си, Соломоновата жена. И тогаш Соломон го изгради Газер и Долни Веторон, Валат, Тамор во пустињата, и сите градови житници, што ги имаше Соломон, и градовите за колите, градовите за коњицата и сѐ она, што Соломон сакаше да изгради во Ерусалим, на Ливан и по целата земја на своето владение. Сите луѓе, останати од Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Хананејците, Евејците, Јевусејците и Герпесејците, кои не беа од Израилевите синови, децата нивни, останати по нив во земјата, кои Израилевите синови не можеа да ги истребат, – Соломон ги направи поданички работници, какви што се и денес. А синовите Израилеви Соломон ги правеше работници; тие беа негови војници, служители, великодостојници, полководци и заповедници на неговите коли и на неговите коњаници. Главните, пак, распоредници над Соломоновите работи, односно управниците на народот, што ја извршуваа работата, беа петстотини и педесет. Фараоновата ќерка премина од Давидовиот град во својот дом, што го изгради Соломон за неа. Потоа тој го изгради Мелон. Соломон принесуваше трипати годишно сепаленици и мирни жртви на жртвеникот, што Му го беше изградил на Господа, и кадеше врз него пред Господа. Така заврши градбата на домот. Цар Соломон направи исто така и кораби во Гасион-Гавер, кој е при Елат, на брегот на Црвеното Море, во Идумејската земја. И Хирам испрати на тие кораби свои поданици – корабари, што го знаат морето, заедно со Соломоновите поданици; тие отидоа во Офир и зедоа оттаму злато четиристотини и дваесет таланти и му го донесоа на цар Соломона. Савската царица, откако чу за славата Соломонова и за името на Господа, дојде да го испита со гатанки. Таа дојде во Ерусалим со многу големо богатство: камилите беа натоварени со благопријатни мириси, со многу злато и скапоцени камења; таа дојде кај Соломона и говореше со него за сѐ, што ѝ беше на срцето. Соломон ѝ ги објасни сите нејзини зборови, и немаше ништо непознато за царот, што не ѝ го објасни. Савската царица ја виде сета мудрост на Соломона, и домот, што тој го беше изградил, и јадењата на трпезата негова, и живеалиштата на слугите негови, и држењето на слугите негови, облеката нивна и пехарниците негови, и сепалениците негови, што ги принесуваше во храмот Господов. И повеќе не можеше да се воздржи, па му рече на царот: »Вистина е она, што го бев слушала во земјата своја за твоите дела и за твојата мудрост; но не верував на зборови, додека не дојдов, и не видоа очите мои: и, ете, мене ни половината не ми беше речено; мудрост и богатство ти имаш повеќе отколку што сум слушала. Блажени се твоите луѓе, блажени се и тие твои слуги, што стојат пред тебе секогаш и ја слушаат мудроста твоја! Благословен да е Господ, твојот Бог, Кој благоволи да те постави на Израилевиот престол! Господ, поради вечната љубов Своја кон Израилот, те постави за цар, за да вршиш суд и правда.« И таа му подари на царот сто и дваесет таланти злато и големо множество благопријатни мириси и скапоцени камења; никогаш уште не беа донесувани толку многу благопријатни мириси, колку што Савската царица му подари на цар Соломона. И Хирамовите кораби, што донесуваа злато од Офир, донесоа од Офир големо множество црвено дрво и скапоцени камења. И царот направи од тоа црвено дрво потпирки за храмот Господов и за царскиот дом, и гусли и псалтири за пеачите. Никогаш не беше донесувано толку црвено дрво и не беше видено до тој ден. Тогаш царот Соломон ѝ даде на Савската царица сѐ, што таа пожела и што посака, посебно од она, што цар Соломон ѝ го подари со рацете свои. И се врати таа во земјата своја, таа и сите слуги нејзини. Златото, што му доаѓаше на Соломона секоја година, тежеше шестотини шеесет и шест таланти, освен она, што се добиваше од разнесувачите на стока и од тргувањето на трговците и од сите арапски цареви и од обласните управници. Цар Соломон направи двесте големи штита од ковано злато, – по шестотини сикли злато се потрошени за секој штит; и триста помали штита од ковано злато, – од по три мини злато за секој штит; и царот ги постави во домот од ливанско дрво. Царот направи и голем престол од слонова коска и го обложи со чисто злато; пред престолот имаше шест степеника; одзади врвот на престолот беше кружен, и од двете страни на седиштето имаше потпирки, а до потпирките стоеја два лава; и уште дванаесет лава стоеја таму од двете страни на шесте степеника. Слично нешто немало во ни едно царство. Сите садови за пиење кај цар Соломона беа златни, и сите садови во домот од ливанско дрво беа од чисто злато; ништо немаше од сребро, зашто во дните на Соломона среброто не се сметаше за нешто; бидејќи царот имаше на морето тарсиски кораби заедно со Хирамовите кораби и во три години еднаш доаѓаа тарсиските кораби и донесуваа злато и сребро, слонова коска, мајмуни и пауни. Цар Соломон ги надминуваше сите земни цареви по богатството и мудроста. И сите земни цареви сакаа да го видат Соломона, за да ја послушаат мудроста негова, кој Бог ја беше ставил во срцето негово. И тие му принесуваа, секој од себеси, дар: сребрени садови, облека, оружје и благопријатни мириси, коњи и маски секоја година. Соломон така насобра коњи и коњаници; тој имаше четириесет илјади коли и дванаесет илјади коњаници, кои ги размести по колските градови и при царот во Ерусалим. Тој владееше над сите мориња – од реката до Филистејската земја и до пределите на Египет. Царот го направи среброто во Ерусалим рамноцено со обичните камења, а кедрите поради нивното множесто ги направи рамноцени со дивите смокви, што растеа по низините. Коњи, пак, донесуваа за царот Соломона од Египет; царските трговци ги купуваа до Кува со пари. Купена и донесена до Египет една кола чинеше шестотини сикли сребро, а коњ, – сто и педесет. На ист начин тие со свои раце им ги доставуваа сето тоа на хетејските и арамејските цареви. Цар Соломон засака, освен фараоновата ќерка, и многу жени – туѓинки – Моавки, Амонитки, Идумејки, Сидонки и Хетејки, – од оние народи, за кои Господ им беше рекол на Израилевите синови: не влегувајте при нив, и тие да не влегуваат при вас, за да не го приклонат срцето ваше кон своите богови. Кон нив се прилепи Соломон со љубовта своја. Тај имеше седумстотини жени и триста наложници; и неговите жени го развратија срцето негово. Кога Соломон остаре, неговите жени го приклонија срцето негово кон други богови, и срцето негово не беше наполно предадено на неговиот Господ Бог, како срцето на татка му Давида. И Соломон почна да ѝ служи на Астрата сидонската богинка, и на Милхом, амонитски гад. И Соломон го вршеше она, што беше неугодно пред очите на Господа, и не го следеше наполно Господа како татко му Давид. Тогаш Соломон изгради многубожечко светилиште на Хамос, моавски гад, на гората, што е пред Ерусалим, и на Молох, амонитски гад. Така направи тој за сите свои жени туѓинки, кои кадеа и принесуваа жртви на своите богови. И Господ се разгневи на Соломона поради тоа што го отстрани срцето свое од Господа, Бога Израилев, Кој на двапати му се беше јавувал и му беше заповедал да не оди по други богови; но тој не го исполни тоа, што му го беше заповедал Бог. Тогаш Господ му рече на Соломона: »Затоа што тоа се врши кај тебе, и ти не го зачува Мојот завет и Моите наредби, што ти ги бев заповедал, ќе го одземам царството од тебе и ќе го дадам да твојот слуга; но во твоите дни Јас нема да го направам ова поради татка ти Давида: од рацете на синот твој ќе го одземам; но нема целото царство да го одземам: едно племе ќе му дадам на синот твој заради Мојот слуга Давида и заради Ерусалим, што сум го избрал.« И Господ му воздигна на Соломона противник – идумеецот Адада, од идумејски царски род. Кога Давид беше во Идумеја, и војводата Јоав дојде да ги погребе убиените, откако беше испотепал сѐ машко во Идумеја, – бидејќи Јоав и сите Израилци престојуваа таму шест месеци, додека не истребија сѐ живо во Идумеја, – тогаш Адад избега во Египет и со него неколкумина Идумејци, што беа служеле при татка му; Адад тогаш беше дете. Кога тргнаа од Мадијам, тие дојдоа во Фаран и зедоа со себеси луѓе од Фаран и стигнаа во Египет при Фараонот – египетскиот цар; Адад влезе при Фараонот, и тој му даде дом, му одреди плата и му даде земја. Адад се здоби со голема милост кај Фараонот, така што го ожени со сестрата на жена си, сестра на царицата Тахпенеса. Тахпенесината сестра му роди син Генуват. Тахпенеса го воспитуваше во Фараоновиот дом; и Генуват живееше во Фараоновиот дом заедно со Фараоновите синови. Кога Адад чу, дека Давид починал при татковците свои и дека војводата Јова умрел, му рече на Фараонот: »Пушти ме да појдам во земјата своја?« Фараонот му рече: »Зар си незадоволен од мене, па сакаш да одиш во земјата своја.« Господ крена против Соломона и друг противник – Резона, Елијадовиот син, кој беше избегал од својот господар Адраазар, сувскиот цар, и, откако собра околу себеси луѓе, стана старешина на чета, откако Давид го беше победил Адраазара; и тие отидоа во Дамаск, се настанија таму и господареа во Дамаск. Тој беше противник на Израилот во текот на сите дни на Соломона. Освен злото, извршено од Адада, тој секогаш му правеше пакост на Израилот и стана сириски цар. И Наватовиот син Јеровоам, Ефермецот од Сарида, – името на мајка му, вдовица, беше Серуа, – Соломонов слуга, крена рака против царот. Еве по кој повод тој крена рака против царот: Соломон го градеше Милон, ги поправаше урнатините во градот на татка си Давида. Јеровоам беше силен човек. Соломон, откако забележа, дека тоа момче го бива за работа, го постави за надзорник над задолжените работици од Јосифовиот дом. Во она време на Јеровоам му се случи да излезе од Ерусалим; по патот го сретна пророкот Ахија Силомец, облечен во нова облека. Тие беа само двајцата во полето. И Ахија ја зеде новата облека, што беше на него, ја раскина на дванаесет делови, и му рече на Јеровоама: »Земи си десет делови, зашто така вели Господ, Бог Израилев: ‚Ете го истргнувам царството од раката на Соломона и десет племиња ти давам тебе, и едно племе ќе му остана нему заради Мојот слуга Давида и заради градот Ерусалим, што го избраа од сите Израилеви племиња!‘ Ова е поради тоа, што тие Ме оставија и почнаа да ѝ се клањаат на Астарта, сидонската богинка, и на Хамоса, моавскиот бог, и на Мелхома, амонитскиот бог, и не одеа по Моите патишта, за да го вршат она, што е угодно пред Моите очи, и да ги пазат Моите наредби и Моите заповеди, како татко му Давид. Јас не го одземам целото царство од раката негова, туку го оставам да владее до крајот на својот живот заради Мојот слуга Давида, кого го избрав и кој ги пазеше Моите заповеди и Моите наредби; но ќе го одземам царството од раката на синот негов и десет племиња од него ќе ти ги дадам тебе; а на синот негов ќе му дадам едно племе, за да остане светилото на Мојот слуга Давида во сите дни пред лицето Мое во градот Ерусалим, што го избрав, за да остане засекогаш таму името Мое. Тебе те избирам, и ти ќе владееш со сѐ, што ќе посака душата твоја, и ти ќе бидеш цар над Израилот; и ако пазиш на сѐ, што ќе ти заповедам, ако одиш по патиштата Мои и ако го вршиш она, што е угодно пред очите Мои, пазејќи ги Моите наредби и Моите заповеди, како што правеше Мојот слуга Давид, Јас ќе бидам со тебе и ќе ти воздигнам крепок дом, како што му создадов на Давида, и ќе ти го дадам Израилот; ќе го понизам Давидовиот род за тоа, но не за секогаш.« А Соломон сакаше да го убие Јеровоама, но Јеровоам стана, та избега во Египет при Сусакима, египетски цар, и живееше во Египет до смртта Соломонова. Другите дела на Соломона и сѐ што вршеше тој, и мудроста негова, се опишани во книгата на делата Соломонови. Времето, во кое Соломон царуваше во Ерусалим над целиот Израил, беше четириесет години. И Соломон почина при татковците свои и беше погребан во градот на татка си Давида; а место него се зацари синот негов Ровоам. Ровоам отиде во Сихем, бидејќи во Сихенм беа дошле сите Израилци, за да го зацарат. Чу за тоа Наватовиот син Јеровоам, кога се наоѓаше уште во Египет, каде што беше избегал од царот Соломона, и се врати од Египет; испратија по него и го повикаа. Тогаш Јеровоам и целото израилско собрание дојдоа и му говореа на царот Ровоам, велејќи: »Твојот татко ни наложи тежок товар, ти, пак, олесни ни го жестокото ропство од татка ти и тешкиот товар, што тој ни го наложи, па тогаш ќе ти служиме.« Тој им одговори: »Одете си, по три дена дојдете пак при мене.« И народот се разотиде. Царот Ровоам се советуваше со старците, кои беа при татка му Соломона, додека беше жив, и рече: »Како ќе ме посоветувате да му одговорам на овој народ?« Тие му одговорија, и рекоа: »Ако ти денес им бидеш слуга на овие луѓе и им услужиш, ако ги задоволиш и им говориш добри зборови, тие ќе ти бидат слуги во сите дни.« Но тој не го послуша советот, што му го беа дале старците, и се советуваше со младите, кои беа пораснале заедно со него и кои беа при него, и им рече: »Што ќе ме посоветувате да им одговорам на оние луѓе, што ми рекоа и кажаа: ‚олесни ни го игото, што ни го наложи татко ти?‘« Младите, пораснати заедно со него, му одговорија и рекоа: »Вака кажи им на тие луѓе, што ти рекле: ‚твојот татко ни наложи тешко иго, ти, пак, олесни ни‘ кажи им: малиот прст ми е подебел од бедрата на татка ми; и така, ако татко ми ви наложувал тешко иго, јас ќе го зголемам вашето иго; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве казнувам со скорпии.« Јеровоам, и сите луѓе, дојдоа при Ровоама на третиот ден, како што им беше заповедал царот, велејќи: »дојдете при мене на третиот ден.« И царот грубо му одговори на народот и не го послуша советот, што му го беа дале старците. И говореше според советот на младите и рече: »Татко ми ви наложил тежок товар, јас, пак, ќе го зголемам вашиот товар; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве казнувам со скорпии.« И царот не го послуша народот, зашто така беше судено од Господа, за да се исполни зборот Негов, што го беше изрекол Господ преку Ахија Силомецот на Наватовиот син Јеровоама. И сите Израилци видоа, дека царот не ги послуша. Тогаш луѓето му одговорија на царот и рекоа: »Каков дел имаме кај Давида? За нас нема дел кај синот Јесеев; по шаторите свои, Израиле! Гледај си го својот дом, Давиде!« И Израил се разотиде по шаторите свои. Ровоам царуваше само над Израилевите синови, што живееја во Јудините градови. И царот Ровоам го испрати Адонирама, управникот над даноците; но сите Израилци го затрупаа со камења, и тој умре, а царот Ровоам брзо се качи во кола, за да избега во Ерусалим. И така Израилот се одметна од Давидовиот дом и до денес. Кога сите Израилци слушнаа, дека Јеровоам се вратил од Египет, испратија и го повикаа во собранието и го зацарија над сите Израилци. Со Давидовиот дом не остана никој, освен племето Јудино и Венијаминово. Ровоам, откако пристигна во Ерусалим, собра од целиот Јудин дом и од коленото Венијаминово сто и осумдесет илјади избрани војници, за да војуваат против Израилевиот дом и да му го возвратат царството на Соломоновиот син Ровоам. И би слово Божјо кон Семеја, човек Божји, и беше речено: »Кажи му на Соломоновиот син Ровоама, царот јудејски, и на целиот Јудин и Венијаминов дом и на другиот народ: вака вели Господ: ‚Не одете и не почнувајте војна против вашите браќа, Израилевите синови; вратете се секој во домот свој, бидејќи тоа беше од Мене.‘« И тие ги послушаа Господовите зборови и се вратија дома според словото Господово. Јеровоам го изгради Сихем на Ефремовата гора и се насели во него; оттаму тргна и го изгради Фануил. И Јеровоам си говореше во срцето свое: »Царството може пак да премине кон Давидовиот дом, ако овој народ оди во Ерусалим да принесува жртви во домот Господов, тогаш срцето на тој народ ќе се сврти кон својот господар Ровоама, царот јудјски, ќе ме убијат и ќе се вратат при Ровоама, царот јудејски.« И царот, откако се посоветува, направи две златни телиња, и му рече на народот: »Не ви треба да одете во Ерусалим; еве ги твоите богови, Израиле, кои те изведоа од Египетската земја.« И едниот го остави во Ветил, а другиот – во Дан. Тоа предизвика грев, зашто народот почна да оди при едниот од нив, дури во Дан и го оставија храмот Господов. И изгради идолско светилиште и постави од народот свештеници, кои не беа од Левиевите синови. Јеровоам установи празник во осмиот месец на петнаесеттиот ден, сличен на оној празник, каков што имаше во Јудеја, и принесуваше жртви на жртвеникот; тоа го направи и во Ветил, за да им се принесуваат жртви на телињата, што ги направи. И постави во Ветил свештеници во идолските светилишта, што ги беше изградил, и принесе жртви во жртвеникот, што беше го изградил во Ветил, во петнаесеттиот ден од осмиот месец, месец што произволно го определи; и установи празник за синовите Израилеви и пристапи кон жртвеникот, за да прекади. И ете, според словото Господово, дојде еден божји човек од Јудеја во Ветил во она време, кога Јеровоам стоеше пред жртвеникот, за да прекади. И произнесе кон жртвеникот слово Господово, велејќи: »Жртвенику, жртвенику! Вака вели Господ: ‚ете, во Давидовиот дом ќе се роди син по име Осија; тој ќе ги принесе врз тебе во жртва идолските свештеници, што кадат врз тебе, и ќе изгори врз тебе човечки коски.‘« И во оној ден тој покажа знак, велејќи: »А, еве, знак, дека Господ го рекол тоа: ‚овој жртвеник ќе се урне, и пепелта, што е на него, ќе се развее.‘« Кога цар Јеровоам го чу словото на Божјиот човек, изговорено пред жртвеникот во Ветил, ја пружи раката од жртвеникот и рече: »Фатете го!« Тогаш раката негова, што ја беше пружил кон него, се здрви и не можеше да ја тргне кон себеси. И жртвеникот се урна, и пепелта од жртвеникот се развеа, според знакот, даден од Божјиот човек преку словото Господово. И царот Јеровоам му рече на Божјиот човек: »Умилостиви го лицето на Господа, твојот Бог, и помоли се за мене, па да ми се поврати раката.« Човекот божји Го умилостиви лицето Господово, и раката се поврати и стана како порано. Тогаш царот му рече на божјиот човек: »Дојди со мене дома да се поткрепиш; ќе ти дадам да јадеш, и ќе ти донесам подарок.« Но Божјиот човек му одговори на царот: »Да ми дадеш и половина од домот свој, нема да дојдам со тебе, нема да јадам леб и нема да пијам вода во тоа место, зашто така ми е заповедано преку словото Господово: ‚не јади таму леб, не пиј вода и не се враќај по патот, по кој си одел.‘« И тој тргна по друг пат и не се врати по оној пат, по кој беше дошол во Ветил. Во Ветил живееше еден пророк – старец. Синовите негови дојдоа и му раскажаа сѐ, што беше направил оној ден Божјиот човек во Ветил; тие му ги раскажаа на татка си и зборовите, што тој му ги беше кажал на царот. И татко им ги праша: »По кој пат си отиде?« А синовите му покажаа, по кој пат тргна Божјиот човек, што дошол од Јудеја. Тогаш тој им рече на синовите свои: »Оседлајте ми го оселот.« Тие му го оседлаа оселот, и тој се качи на него. И тргна по Божјиот човек, и го најде како седи по еден даб, и го праша: »Ти ли си Божјиот човек, што доаѓа од Јудеја?« Оној одговори: »Јас сум.« Тогаш му рече: »Дојди кај мене дома и касни леб.« Оној му одговори: »Не можам да се вратам со тебе и да дојдам при тебе; нема да јадам леб и нема да пијам вода кај тебе во ова место, зашто преку словото Господово му е речено: ‚не јади леб и не пиј вода таму, и не се враќај по патот, по кој си одел.‘« Тој му рече: »И јас сум таков пророк како тебе и ангелот ми говореше преку словото Господово и рече: ‚врати го во домот свој; нека касне леб и нека пие вода.‘« Но тој го излага. И оној се врати со него, касна леб во куќата негова и се напи вода. Кога тие уште седеа на трпезата, би словото Господово кон пророкот, што го беше вратил. И тој изговори кон Божјиот човек, што беше дошол од Јудеја и рече: »Вака вели Господ: ‚затоа што не се покори на устата Господова и не ја запази заповедта, што ти ја беше дал Господ, Бог твој, туку се врати, јадеше леб и пиеше вода на ова место, за кое Он ти беше рекол – не јади леб и не пиј вода, телото твое нема да влезе во гробницата на татковците твои.‘« Откако оној јадеше леб и се напи вода, тој го оседла оселот за пророкот, што го беше вратил. И оној си замина. На патот го сретна лав и го умртви. Телото му лежеше испружено на патот; оселот, пак, стоеше до него, а лавот стоеше до телото. И ете, минувачите го видоа телото, испружено на патот, и лавот како стои до телото; и отидоа, та раскажаа во градот, во кој живееше пророкот – старец. Откако го чу тоа пророкот, што го беше вратил од патот, рече: »Тоа е оној човек Божји, што не ја послуша устата Господова; Господ го предаде на лав, што го нападнал и го усмртил, според словото Гсоподово, што му беше кажано.« И им рече на синовите свои: »Оседлајте ми го оселот.« И го оседлаа. Тој отиде и го најде телото негово испружено на патот; а оселот и лавот стоеја до телото; лавот не беше го изел телото и не беше го раскинал оселот. Тогаш пророкот го крена телото на човекот Божји, го стави на оселот и го однесе назад. И пророкот – старец тргна кон градот свој, за да го оплаче и погребе. И го положи телото негово во својата гробница и плачеше за него: »Леле, брату мој!« Откако го погреба, тој им рече на синовите свои: »Кога ќе умрам, погребете ме во гробницата, во која е погребан Божијот човек, до неговите коски положете ги моите коски, зашто ќе се исполни словото, што по заповед на Господа тој го кажа за жртвеникот во Ветил и за сите идолски светилишта во самарските градови.« И по овој настан Јеровоам не се одврати од лошиот пат свој, туку продолжи да поставува идолски свештеници од народот; кого сакаше, него го посветуваше, и тој стануваше идолски свештеник. Тоа го водеше Јеровоамовиот дом во грев, кон пропаст и кон истребувањето негово од лицото на земјата. Во она време се разболе Јеровоамовиот син Авија. И Јеровоам ѝ рече на жена си: »Стани и преоблечи се, за да не те познаат, дека си Јеровоамова жена, па оди во Силом. Таму е пророкот Ахија, што ми претскажа, дека ќе бидам цар на овој народ. Земи со себе за Божјиот човек десет леба, питки и грне мед, па оди при него; тој ќе ти каже, што ќе стане со детето.« Јеровоамовата жена така направи: стана, отиде во Силом и влезе во куќата на Ахија. А Ахија веќе не можеше да гледа, зашто очите му беа станале неподвижни од старост. Тогаш Господ му рече на Ахија: »Ете, Јеровоамовата жена доаѓа да те праша за синот свој, бидејќи е болен; кажи ѝ така и така; таа ќе дојде преоблчна.« Ахија, што го чу шумот од чекорите нејзини, кога влезе низ вратата, рече: »Влези, Јеровоамова жено; зошто требаше да се преоблекуваш? Јас сум пратен да ти кажам зло. Оди и кажи му на Јеровоама: вака вели Господ, Бог Израилев: ‚Јас те издигнав од средината на простиот народ и те поставив за водач на Мојот народ Израилот, го одзедов царството од Давидовиот дом и ти го дадов тебе; но ти не си таков, каков што беше Мојот слуга Давид, кој ги пазеше заповедите Мои и кој Ме следеше од сѐ срце, вршејќи го само она, што е угодно пред очите Мои; ти постапуваш полошо од сите, што беа пред тебе, и отиде, та си направи други богови и идоли, за да Ме дразниш, а Мене ме отфрли зад грбот свој, затоа Јас ќе испратам зло врз Јеровоамовиот дом и ќе го истребам кај Јеровоама дури и она што мокри до ѕид, што е затворено и изоставено во Израилот, и ќе го исчистам Јеровоамовиот дом сосема, како што чистат ѓубре; кој од Јеровоамовиот дом ќе умре во град, него кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, него птиците небески ќе го исколваат‘; така вели Господ. Стани, па оди во домот свој; и, што чекорот твој ќе стапне во градот, детето ќе умре; сите Израилци ќе го оплачат и ќе го погребат, зашто само тоа од Јеровоамовиот дом ќе влезе во гроб, бидејќи во него, од целиот Јеровоамов дом, се најде нешто добро пред Господа, Израилевиот Бог. И Господ ќе Си издигне над Израилот цар, кој ќе го истреби Јеровоамовиот дом во оној ден; и што? – еве денес! И Господ ќе го порази Израилот, и тој ќе биде како трска, која се лула во водата, и ќе ги исфрли Израилците од оваа убава земја, што им ја даде на татковците нивни, и ќе ги расфрли зад реката, поради тоа што си направија идоли и го гневеа Господа; и ќе го изостави Господ Израилот поради гревовите на Јеровоама, што сам си ги направи, и со кои го наведе во грев Израилот.« Јеровоамовата жена стана, тргна и дојде во Сарир; и, штом стапи на куќниот праг, детето умре. И сите Израилци го погребаа и оплакаа, според словото на Господа, кое Он го изрече преку Својот слуга, пророкот Ахија. Другите дела на Јеровоама – како војувал и како царувал – се опишани во летописите на израилските цареви. Времето, во кое што царуваше Јеровоам, беше дваесет и две години; и почина при татковците свои, а место него се зацари синот негов Нават. Соломоновиот син Ровоам царуваше во Јудеја. Ровоам беше на четириесет и една година кога стана цар, и царуваше седумнаесет години во Ерусалим, во градот, што Господ го избра од сите Израилеви племиња, за да остане засекогаш таму името Негово. Името на мајка му беше Наама, Амонитка. И Јуда го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, и Јудините синови го разгневуваа повеќе, отколку татковците нивни со гревовите свои, што беа ги правеле. Тие си беа издигнале идоли и идолски светилишта на секој висок рид и под секое сенчесто дрво. Во таа земја имаше и блудници, што ги вршеа сите гнасотии на оние народи, кои Господ ги беше прогонил од лицето на Израилевите синови. На петтата година од Ровоамовото царување египетскиот цар Сусаким се крена против Ерусалим, и ги зеде ризниците на домот Господов и ризниците на царскиот дом: и златните штитови, кои Давид ги беше зел од слугите на сувскиот цар Адраазар и ги беше внел во Ерусалим. Сѐ зеде; ги зеде и сите златни штитови, што ги беше направи Соломон. И наместо нив цар Ровоам направи бронзени штитови и ги даде во рацете на старешините и телохранителите, кои го чуваа влезот во царскиот дом. Кога царот одеше во домот Господов, телохранителите ги носеа, а потоа ги враќаа во живеалиштата на телихранителите. Другото за Ровоама и за сѐ, што вршел, е опишано во летописите на јудејските цареви. Меѓу Ровоама и Јеровоама имаше војна преку сите денови на животот нивни. Ровоам почина при татковците свои и беше погребан при нив во Давидовиот град. Името на мајка му беше Наама, Амонитка. Наместо него стана цар синот негов Авија. Не осумнаесеттата година од царувањето на Наватовиот син Јервоам, над Јудејците стана цар Авија. Тој царуваше во Ерусалим три години; името на мајка му беше Мааха, Авесаломова ќерка. Тој одеше во сите гревови на таткото свој, што тој ги вршеше пред него, и срцето негово не беше предадено на неговиот Господ Бог, како срцето на татка му Давида. Но заради Давида, неговиот Господ Бог му беше дал светило во Ерусалим, воздигнувајќи го по него синот негов и го закрепи Ерусалим, зашто Давид вршеше, она што беше угодно пред очите на Господа, и во сите дни на животот свој во ништо не отстапуваше од она, што Он му беше заповедал, освен постапката со Хетеецот Урија. Меѓу Ровоама и Јеровоама имаше војна во сите дни на животот нивни. Другите дела на Авија, и сѐ што вршел, е опишано во летописите на јудејските цареви. И имаше војна меѓу Авија и Јеровоама. Авија почина при татковците свои и го погребаа во Давидовиот град. И наместо него стана цар синот негов Аса. Аса стана цар над Јудејците во дваесеттата година од царувањето на израилскиот цар Јеровоам, и царуваше во Ерусалим четириесет и една година; името на мајка му беше Ана, Авесаломова ќерка. Аса го вршеше она што беше угодно пред очите на Господа, како неговиот татко Давид. Тој ги изгони блудниците од земјата и ги отфрли сите идоли, што ги беа направиле татковците негови, и дури мајката своја Ана ја лиши од звањето царица, поради тоа што беше направила идол на Астарта; и го скрши Аса и нејзиниот идол и го изгори при потокот Кедрон. Идолските светилишта, навистина, не беа урнати. Но срцето на Аса му беше предадено на Господа во сите дни негови. И тој ги внесе во домот на Господа предметите, посветени на татко му негов, и предметите посветени од него: сребро, злато и садови. Меѓу Аса и израилскиот цар Васа имаше војна во сите нивни дни. Израилскиот цар Васа излезе против Јудеја и почна да ја гради Рама, та никој да не излегува, ниту да оди при јудејскиот цар Аса. Тогаш Аса го зеде сето сребро и злато, што беше останало во ризницата на домот Господов и во ризницата на царскиот дом, и го даде во рацете на слугите свои; и царот Аса ги испрати при Таверема, синот на Адера, син Хезионов, цар сириски, кој живееше во Дамаск, велејќи: »Нека има сојуз меѓу мене и тебе, како што имаше меѓу мојот татко и твојот татко; ете, ти испраќам на дар сребро и злато; раскини го сојузот свој со израилскиот цар Васа, та да се оттргне од мене.« И синот на Адера го послуша царот Аса, и ги испрати своите војводи против израилските градови и ги порази Аин, Дан, Авел-Вет-Мах и целиот Кинерот, по целата Нефталимова земја. Кога го чу тоа, Васа престана да ја гради Рама и се врати во Сарир. А царот Аса ги собра сите Јудејци без исклучок, и тие ги изнесоа од Рама камењата и дрвјата, кои Васа ги употребуваше за градење. Со нив царот Аса ги изгради Гива Венијаминова и Миспа. Сите други дела на Аса сите негови подвизи и сѐ што изврши, и градовите што ги изгради, се опишани во летописите на јудејските цареви, освен тоа, дека на стари години го заболеа нозете. Аса почина при татковците свои и беше погребан при нив во градот на татка си Давида. А место него стана цар синот негов Јосафат. А Јеровоамовиот син Нават стана цар над Израилот во втората година на јудејскиот цар Аса и царуваше над Израилот две години. Тој го вршеше, она што беше неугодно пред очите на Господа, одеше по патот на татка си и во гревовите негови, со кои тој го наведе во грев Израилот. Против него се крена Ахиевиот син Васа, од Исахаровиот дом, и Васа го уби при Гаватон филистејски, кога Нават и сите Израилци го опседнуваа Гаватон; Васа го уби во третата година јудејскиот цар Аса и стана цар место него. Кога стана цар, тој го порази целиот Јеровоамов дом и не остана ниедна душа кај Јеровоама, додека не го истреби, според словото на Господа, што го беше изрекол преку својот слуга Ахија Силомецот, поради гревовите на Јеровоама, кои тој сам ги напрви и со кои го наведе во грев Израилот, поради гревовите со кои тој го разгневи Господа, Бога Израилев. Другите дела на Навата, сѐ што тој извршил, се опишани во летописите на израилските цареви. Меѓу Аса и израилскиот цар Васа имаше војна во текот на сите нивни денови. Во третата година на јудејскиот цар Аса стана цар во Терс над сите Израилци Ахиевиот син Васа и царуваше дваесет и четири години. Тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, и одеше по патот на Јеровоама и во гревовите негови, со кои тој го наведе во грев Израилот. И би слово Господово кон Анаиевиот син Јуј за Васа: »Поради тоа што те издигнав од правот и те направив водач на мојот народ Израилот, а ти тргна по патот на Јеровоама и го наведе на грев Мојот народ Израилот, за да Ме разгневува со гревовите свои, – ете, Јас ќе го отфрлам домот на Васа и домот на потомството негово и ќе направам со твојот дом така, како и со домот на Наватовиот син Јеровоама: кој од Васовиот дом ќе умре во град, него кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, него птици небески ќе го исколваат.« Другите дела на Васа, и сѐ што извршил, и подвизите негови, опишани се во летописите на израилските цареви. Васа почина при татковците свои и беше погребан во Терса. А место него стана цар синот негов Ила. Но преку Ананиевиот син Јуј беше веќе кажано словото Господово за Васа, за домот негов и за сето зло, што го беше извршил пред очите на Господа, разгневувајќи Го со делата на рацете свои, постапувајќи како Јеровоамовиот дом, за што беше истребен. Васовиот син Ила стана цар над Израилот во Терса во дваесет и шестата година на јудејскиот цар Аса и царуваше две години. Против него стана Замвриј, неговиот слуга и старешина на половината комора, кога се беше напил во Терса, во домот на Арса, надзорник на дворецот во Терса. Замвриј влезе, го удри и го уби во дваесет и седмата година на јудејскиот цар Аса и стана цар место него. Кога стана цар и седна на престолот него, тој го истреби целиот дом на Васа, не оставајќи му го ни она што мокри до ѕид, ни роднините негови, ни пријателите негови. Замвриј го истреби целиот Васов дом, според словото на Господа, што го беше изрекол Он за Васа преку пророкот Јуј, за сите гревови на Васа и за гревовите на синот негов Ила, што го вршеа тие самите и со кои го наведоа во грев Израилот, дразнејќи Го Господа, Бога Израилев, со своите идоли. Другите дела на Ила, и сѐ што беше извршил, се опишани во летописите на израилските цареви. Замвриј стана цар во дваесет и седмата година на јудејскиот цар Аса и царуваше седум дена во Терса, кога народот го опседнуваше Гаваон филистејски. Кога народот, што го опседнуваше, дозна дека Замвриј направил заговор и го убил царот, истиот ден во логорот сите Израилци го зацарија над Израилов војводата началник Амврија. Амвриј и сите Изараилци со него отстапија од Гаватон и ја опседнаа Терса. Кога Замвриј виде дека градот е преземен, влезе во царскиот дом, го потпали над себе царскиот дом и загина, поради своите гревови, со кои беше згрешил, вршејќи го она што беше неугодно пред очите на Господа, одејќи по патот на Јеровоама и во гревовите негови, што тој ги изврши, за да го наведе во грев Израилот. Другите дела на Замврија и заговорот негов, што беше го направил, се опишани во летописите на Израилските цареви. Тогаш Израилскиот народ се раздели на два дела: половината народ беше со Гонатовиот син Тамниј, за да го направи цар него, а другата страна со Амврија. Надвладеа народот, што беше со Амврија, над народот, кој беше со Гонатовиот син Тамниј; но Тамниј умре, а цар стана Амвриј. Амвриј стана цар над Израилот во триесет и првата година на јудејскиот цар Аса и царуваше дванаесет години. Тој царуваше во Терса шест години. Амвриј ја купи од Семира гората Самарија, за два таланта сребро, изгради на гората град и го нарече Самарија – според името на Семира, сопственикот на гората. И Амвриј вршеше, што не беше угодно пред очите на Господа, и постапуваше полошо од сите свои претходници. Тој во сѐ одеше по патот на Наватовиот син Јеровоама и во гревовите негови, со кои тој ги наведе на грев Израилците, за да Го разгневат Господа, Бога Израилев, со своите идоли. Другите дела на Амврија, што ги направил, и јунаштвото, што го покажал, се опишани во летописите на израилските цареви. Амвриј почина при татковиците свои и беше погребан во Самарија, а место него стана цар синот негов Ахав. Амвриевиот син Ахав стана цар над Израилот во триесет и осмата година на јудејскиот цар Аса, и Амвриевиот син Ахав царуваше во Самарија над Израилот дваесет и две години. И Амвриевиот син Ахав го вршеше она што не му беше угодно пред очите на Господа повеќе од сите свои претходници. Не беше доволно тоа што тој западна во гревовите на Наватовиот син Јеровоама, туку си ја зеде за жена Језавела, ќерката на сидонскиот цар Етавал, и почна да му служи на Ваала и да му се клања; и му подигна на Ваала жртвеник во Вааловото светилиште, што го беше изградил во Самарија. Ахав направи дубрава, направи и повеќе од сите израилски цареви што беа пред него. Ахав го правеше она што Го лутеше Господа, Бога Израилев и душата своја ја погуби. Во негово време Ветилицот Ахил го изгради Јерихон: врз првородениот син свој Авирон, тој ги стави основите негови и врз најмалиот син Сегува ги постави портите негови, според словото на Господа, што Он го беше изрекол преку Навиновиот син Исуса. И пророкот Илија, Тесвитец од Галадските жители, му рече на Ахава: »Жив Господ, Бог Израилев, пред Кого стојам! Во овие години нема да има ниту роса, ниту дожд, освен според мојот збор.« Потоа Господ му рече: »Тргни се оттука, сврти се кон исток и сокриј се при потокот Хорат, кој е спроти Јордан; од тој поток ќе пиеш, а на гавраните сум им заповедал да те хранат таму.« И тој отиде и постапи според словото Господово; отиде и остана при потокот Хорат, кој е спроти Јордан. И гавраните му донесуваа леб и месо наутро, леб и месо навечер; а пиеше од потокот. По извесно време потокот пресуши, бидејќи немаше дожд за земјата. Тогаш Господ му рече: »Стани, оди во Сарепта Сидонска и остани таму. Јас ѝ заповедав таму на една жена вдовица да те храни.« И стана тој, па отиде во Сарепта. Кога дојде при градските порти, ете, таму една вдовица жена собира дрва. Тој ѝ се обрати и ѝ рече: »Донеси му малку вода во сад да пијам!« Таа отиде, за да земе, а тој повика по неа и рече: »Донеси ми в раце и парче леб!« Таа му одговори: »Жив ми Господ, твојот Бог, нема ништо печено, туку имам само грст брашно во ноќвите и малку масло во масларникот; и, ете, јас ќе соберам две – три дрвца, ќе отидам и ќе го приготвам тоа за себеси и за синот свој; ќе го изедеме тоа и ќе умреме.« А Илија ѝ рече: »Не плаши се; оди и направи го она што го рече; но најнапред направи од тоа мала пресна питка за мене и донеси ми; а за себеси и за синот свој ќе направиш после; зашто вака вели Господ, Бог Израилев: ‚брашното во ноќвите нема да сврши, и маслото во масларникот, нема да се намали до оној ден, во кој Господ ќе даде дожд на земјата.‘« Таа отиде и направи така, како што ѝ рече Илија и таа се хранеше, и тој и синот нејзин извесно време. Брашното во ноќвите не се свршуваше, и маслото во масларникот не се намалуваше, според словото на Господа, што Он го изрече преку Илија. Потоа се разболе синот на таа жена, на домаќинката, и болеста негова беше толку силна, што не можеше да диши. Тогаш таа му рече на Илија: »Што имаш ти со мене, човеку Божји? Си дошол да ми ги наспомниш моите гревови и да го умреш синот мој.« А тој ѝ одговори: »Дај ми го синот твој.« И го зеде од рацете нејзини, го однесе во горната соба, каде што живееше го положи на леглото свое; па повика кон Господа и рече: »Господи, Боже мој! Зар Ти на вдовицата, при која живеам, ќе ѝ направиш зло, погубувајќи ѝ го синот нејзин?« И откако се спружи трипати над момчето, извика кон Господа и рече: »Господи, Боже мој! Нека се врати душата на ова момче во него!« И Господ го чу гласот на Илија, му ја врати душата на момчето во него, и тоа оживе. Илија го зеде момчето, го симна од горната соба во домот, ѝ го предаде на мајка му и рече: »Еве, син ти е жив!« Тогаш жената му рече на Илија: »Сега навистина дознав, дека ти си Божји човек, и дека словото Господово во твојата уста е вистинско.« Откако изминаа многу денови, пак му рече Господ на Илија во третата година: »Оди и јави му се на Ахава, и јас ќе дадам дожд на земјата.« Илија отиде да му се јави на Ахава. А во Самарија имаше голем глад. И Ахава го повика Авдија, управникот на дворецот. Авдија, пак, беше човек кој многу се боеше од Господа. Кога Језавела ги истребуваше пророците Господови, Авдиј зеде сто пророци и ги криеше во пештери, по педесет луѓе, и ги хранеше со леб и вода. И Ахав му рече на Авдија: »Тргни по земјата, по сите водни извори и по сите потоци во земјата, можеби некаде ќе најдеме трева, за да си ги прехраниме коњите и маските и да не се лишиме од добитокот.« И тие ја разделија меѓу себе земјата, за да ја обиколат: Ахав тргна одделно по еден пат, а Авдиј тргна одделно по друг пат. Кога Авдиј врвеше по патот, ете, во пресрет му доаѓа Илија. Тој го позна, падна ничкум и рече: »Ти ли си, господару мој Илија?« Овој му одговори: »Јас сум; оди и кажи му на господарот свој: ‚Илија е тука.‘« Тој рече: »Што сум виновен, па го предаваш својот слуга во рацете на Ахава, за да ме убие?« »Жив Господ, твојот Бог! Нема ниеден народ и царство, каде што не испраќал господарот мој да те бара; и кога му кажуваа дека те нема, тој земаше клетва од тоа царство и народ, дека не можеле да те најдат; а ти сега велиш, оди и кажи му на господарот: Илија е тука. Кога јас ќе си отидам од тебе, Духот Господов ќе те однесе, не знам каде; и ако отидам да му јавам на Ахава, и тој не те најде, ќе ме убие; а слугата твој е богобојазлив од младини. Зар не му е кажано на мојот господар, што сторив јас, кога Језавела ги избиваше Господовите пророци, како криев сто Господови пророци, по педесет души во пештера, и ги хранев со леб и вода? А ти сега велиш: оди и кажи му на твојот господар: Илија е тука; тој ќе ме убие.« Тогаш Илија му рече: »Жив Господ Саваот, пред Кого стојам, денес ќе му се јавам!« Авдиј отиде да го пресретне Ахава и му јави, и Ахав отиде да го пресретне Илија. Штом Ахав го виде Илија, му рече: »Ти ли си, што го вознемируваш Израилот?« Илија му одговори: »Јас не го вознемирувам Израилот, туку ти и татковиот дом твој, бидејќи ги презревте Господовите заповеди и врвите по Вааловците; сега испрати и собери го при мене сиот Израил на гората Кармил, и четиристотините и педесет Ваалови прорци и четирите стотини пророци од дубравата, што се хранат од трпезата на Језавела.« И Ахав испрати до сите Израилеви синови и ги собра сите пророци на гората Кармил. Тогаш Илија пристапи кон сиот народ и рече: »Уште ли ќе храмите на двете колена? Ако Господ е Бог, врвете по Него; ако ли е Ваал – одете по него.« А народот не му одговори ни збор. И му рече Илија на народот: »Само јас останав пророк Господов, а Ваалови пророци има четиристотини и педесет души и четиристотини идолски пророци; нека ни дадат две телиња и нека си изберат едно теле, и да го расечат и стават врз дрва, но оган да не потпалуваат; јас, пак, ќе го приготвам другото теле и ќе го ставам врз дрва, и оган нема да потпалувам; тогаш повикајте го името на вашиот бог, јас, пак, ќе го повикам името на Господа, мојот Бог. Оној Бог, Кој ќе одговори преку оган, Он е Бог.« И сиот народ одговори и рече: »Добро, нека биде така!« Потоа им рече Илија на Вааловите пророци: »Изберете си едно теле и пригответе го вие најнапред, бидејќи сте многу; и повикајте го името на вашиот бог, и оган не потпалувајте.« И ете го зедоа телето, што им беше дадено, го приготвоја и го повикуваа името на Ваала од утрината до пладне, велејќи: »Ваале, почуј нѐ!« Но немаше ни глас, ни одговор. И тие скокаа пред жртвеникот, што беа го направиле. Попладнето Илија почна да им се потсмева и велеше: »Викајте посилно, зашто тој е бог; можеби се замислил, или е зафатен со нешто, или е на пат, а можеби и спие, – така ќе се разбуди!« И тие почнаа да викаат високо и според обичајот свој да се бодат со ножеви и копја, така што крв течеше од нив. Мина пладне, а тие сѐ уште беснееја токму до вечерното жртвопринесување; но не се чу ни глас, ни одговор, ниту слух. Тогаш Илија Тесвитецот им рече на Вааловите пророци: »А сега тргнете се вие, та и јас да го извршам своето жртвопринесување.« Тие се тргнаа и замолкнаа. Тогаш Илија му рече на сиот народ: »Приближете се до мене.« И сиот народ се приближи до него. Тој, пак, го подигна урнатиот жртвеник Господов. И зеде Илија дванаесет камења, токму колку што се колената на синовите на Јакова, кому Господ му беше рекол вака: »Израил ќе биде твоето име.« И изгради од тие камења жртвеник во името на Господа, а околу жртвеникот направи окоп, што собираше две мери зрна, за да се посеат, и постави дрва врз жрвеникот, го расече телето, го стави врз дрвата, и рече: »Наполнете четири ведра вода и поливајте ја жртвата сепаленица и дрвата!« И направија така. Потоа рече: »Повторете!« И тие повторија. Тогаш рече: »Направете го тоа по третпат.« И тие го направија и по третпат. И водата се разлеа околу жртвеникот, а окопот се наполни со вода. Кога ја принесуваа вечерната жртва, пророкот Илија се приближи, извика кон небото и рече: »Господи, Боже Авраамов, Исаков и Израилев! Чуј ме, Господи, чуј ме денес во огнот! Нека познаат денес овие луѓе, дека си Ти единствен Бог во Израилот, и дека јас сум Твој слуга и дека извршив сѐ според Твоето слово. Чуј ме, Господи, чуј! Нека познае овој народ, дека Ти, Господи, си Бог и ти ќе го свртиш срцето нивно кон Себеси.« И оган Господов падна и ја изеде сепаленицата, и дрвата, и камењата и земјата, и ја голтна водата, што беше во окопот. Кога го виде тоа, сиот народ падна ничкум и рече: »Господ е Бог, Господ е Бог!« Тогаш Илија им рече: »Фатете ги Вааловите пророци, та ниеден од нив да не се сокрие.« Ги фатија, а Илија ги одведе при потокот Кисон и таму ги искла. Илија му рече на Ахава: »Оди, јади и пиј, зашто се слуша шум од дожд.« Ахав отиде да јаде и да пие, а Илија се искачи на врвот на Кармил, се наведна кон земјата, го стави лицето меѓу колениците свои и му рече на слугата свој: »Оди и погледни кон морето:« Тој отиде, погледна и рече: »Ништо нема.« Тој пак рече: »Направи го тоа седумпати.« На седмиот пат слугата рече: »Ете од морето се крева мало облаче, колку човечка дланка.« Тој му рече: »Оди, кажи му на Ахава: ‚впрегни ја колата своја и тргнувај, за да не те испревари дождот.‘« Во тоа време небото потемне од облаци и виор, и почна да паѓа силен дожд. Ахав тогаш седна во колата, заплака и тргна за Језраел. А раката Господова беше врз Илија. Тој го препаша крстот свој и трчаше пред Ахава дури до Језраел. И Ахав ѝ раскажа на Језавела сѐ што направи Илија, и како тој ги уби со меч сите пророци. А Језавела испрати пратеник при Илија да му каже: »Ако си ти Илија, а јас Језавела, нека ми направат богивите тоа и тоа и нешто повеќе да ми направат, ако утре во ова време не направам со твојата душа, она што беше направено со душата на секого од нив.« Кога го виде тоа, Илија стана и замина, за да го спаси животот свој, и дојде во Вирсавија, која е во Јудеја, и таму го остави слугата свој, а самиот тој отиде во пустињата на еден ден пат и, откако дојде, седна под едно иглолисно дрво и сакаше да умре, велејќи: »Доста веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од татковците свои.« И легна, та заспа под дрвото. И ете, ангел го допре и му рече: »Стани, јади и пиј.« Илија погледна, и, ете, до возглавницата негова стои печена питка и стомна вода. Тој касна, пивна и пак заспа. Ангелот Господов се врати повторно, се допре до него и рече: »Стани, јади и пиј, бидејќи те чека долг пат.« Тој стана, касна и пивна и, откако се поткрепи со таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи до Божјата гора Хорив. И влезе таму во една пештера и ноќеваше во неа. И, ете, би кон него слово Господово, и Господ му рече: »Зошто си овде Илија?« Тој одговори: »Пламнав од ревност за Господа, Бога Саваот, зашто Израилевите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат.« Тогаш Бог му рече: »Излези и застани на гората пред лицето Господово; и, ете, Господ ќе мине, и голем и силен ветар кој ридови урива и соборува карпи пред Господа; но не е Господ во ветрот; по ветер – земјотрес, но не е Господ во земјотресот; по земјотресот – оган, но не е Господ во огнот; по огнот – здив од тих ветар, и таму е Господ.« Кога го чу тоа, Илија си го сокри лицето со својот кожув, излезе и застана пред влезот во пештерата. И кон него се чу глас, кој му рече: »Зошто си тука, Илија?« Тој одговори: »Пламнав од ревност за Господа, Бога Саваот, зашто Израилевите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат.« А Господ му рече: »Врати се по патот свој преку пустињата во Дамаск и, кога ќе стигнеш, помажи го Азаила за цар на Сирија, а Јуја, Намесиевиот син, помажи го за цар над Израилот; Јелисеја, пак, Сафатовиот син, од Авел-Маул, помажи го за пророк место себеси; зашто кој ќе избега од Азаиловиот меч, него ќе го убие Јуј, а кој ќе се избави од мечот на Јуја, него ќе го убие Јелисеј. Но сепак оставив меѓу Израилците седум илјади мажи; сите тие не ги свиткувале колената пред Ваала, и устите нивни не го бакнувале.« И тој тргна оттаму и го најде Сафатовиот син Јелисеја, кога ораше; дванаесет рала волови имаше тој и сам беше при дванаесеттото. Минувајќи крај него, Илија го фрли кожувот врз него. Тогаш Јелисеј ги остави воловите и почна да трча по Илија и рече: »Дозволи ми да ги бакнам татко ми и мајка ми, и ќе тргнам по тебе.« Тој му одговори: »Оди и врати се, зашто, што сум ти направил?« Тој се врати од него, зеде рало волови, ги закла и, откако го запали плугот на воловите, го испече месото нивно и им го раздели на луѓето, и тие јадеа. А самиот тој стана и тргна по Илија и почна да му служи. Сирскиот цар, синот Адеров, ја собра сета војска своја, и со него имаше триесет и двајца цареви, и коњи и коли, и отиде, па ја опседна Самарија и војуваше против неа. И испрати пратеници до Израилскиот цар Ахав во градот, и му рече: »Вака вели сирискиот цар: твоето сребро и твоето злато се мои, и твоите жени и најдобрите твои синови се мои.« Израилскиот цар одговори и рече: »Нека биде според зборот твој, господару мој, царе; јас и сѐ што е мое е твое.« Претениците повторно дојдоа и рекоа: »Вака вели Адад: испратив да ти кажат, дај ми го среброто свое и златото свое, жените свои и синовите свои. Затоа, утре, во ова време, ќе ги испратам при тебе слугите свои да ја пребараат твојата куќа и куќите на твоите слуги, и да го земат в раце и да го изнесат сѐ што е скапо за очите твои.« Израилскиот цар ги повика сите старешини во земјата и рече: »Размислете и гледајте, па тој крои зло; кога испрати при мене за жените и синоивте мои, за среброто и златото мое, јас не му откажав.« И сите старешини и сиот народ му одговорија: »Не слушај и не се согласувај!« Потоа тој им одговори на Ададовите пратеници: »Кажете му на мојот господар, царот: сѐ, за кое ти испрати првиот пат по твојот слуга, готов сум да го направам, но ова не можам да го направам.« Тогаш претениците си отидоа и му однесоа одговор. И Адад испрати и му порача: »Нека ми направат тоа и тоа боговите и уште повеќе да ми направат, ако самариската пепел биде доволна по еден грст за сите луѓе што одат по мене.« Израилскиот цар одговори и рече: »Кажете му да не се фали оној, кој се опашува како оној, што се распашува.« Кога ги чу тие зборови Адад, кој пиеше во шаторите заедно со царевите, им рече на слугите свои: »Опседнувајте го градот!« И го опседнаа градот. И ете, еден пророк пристапи до израилскиот цар Ахав и рече: »Вака вели Господ: го гледаш ли ова цело големо множество? Еве, денес ќе го предадам во твои раце, за да знаеш дека Јас сум Господ.« Ахав запраша: »Преку кого?« Тој одговори: »Вака вели Господ: ‚преку слугите на градските водачи.‘« А Ахав пак праша: »Кој ќе ја почне битката?« Тој му одговори: »Ти.« Ахав ги преброи слугите на градските водачи, и се најде дека се двесте и триесет и двајца; по нив го преброи сиот народ, сите израилски синови, и тие беа седум илјади. тие тргнаа околу пладне. А Адад се беше напил во шаторите заедно со царевите, со триесет и двајцата цареви, кои му помагаа. Најнапред тргнаа градските водачи. И прати синот Адеров да му соопштат на сирискиот цар дека излегле луѓе од Самарија. Тој рече: »Ако се излезени за мир, фатете ги живи; ако, пак, се излезени да војуваат, пак фатете ги живи!« Слугите на градските водачи излегоа од градот, а по нив и војската. И секој го убиваше својот противник: Сириците почнаа да бегаат, а Израилците ги гонеа. Сирискиот цар се спаси на коњ со коњицата. Израилскиот цар излезе, ги заплени коњите и колите и им нанесе голем пораз на Сирците. Тогаш пророкот пристапи до израилскиот цар и му рече: »Оди, поткрепи се, па знај и гледај, што ќе правиш, зашто по една година сирскиот цар пак ќе излезе против тебе.« И му кажаа на сирскиот цар слугите негови: »Нивниот Бог е Бог на горите, а не Бог на долините, затоа нѐ победија; но, ако се удриме со нив во рамнина, бездруго ќе ги надвиеме; И така, еве што ќе направиш: отстрани ги царевите секој од местото негово и место нив постави градски водачи; и собери си толку војска, колку што изгина, и коњи, и коли, колку што имаше; ќе се удриме со нив во рамнина и тогаш бездруго ќе ги надвиеме.« Тој го послуша гласот нивни и направи така. По една година Адад собра Сирци и тргна кон Афек, за да се удри со Израилот. Собрани беа и Израилевите синови и, откако си зедоа храна, тргнаа против нив. Израилевите синови се сместија пред нив како две мали стада кози, а Сирците ја исполнија земјата. Тогаш Божјиот човек се приближи и му рече на израилскиот цар: »Така вели Господ: ‚бидејќи Сирците велат, дека е Господ Бог на горите, а не Бог на долините, ќе го предадам во рацете твои целото тоа големо множество, за да знаете, дека Јас сум Господ.‘« И тие стоеја улогорени едни спроти други седум дена. На седмиот ден почна борбата, и Израилевите синови испотепаа сто илјади пешаци Сирци во еден ден. Другите избегаа во градот Афек; таму падна ѕидот врз другите дваесет и седум илјади луѓе. Адад, пак, влезе во градот и бегаше од една скривница во друга. Тогаш неговите слуги му рекоа: »Сме слушале, дека царевите од Израилевиот дом се милостиви цареви; дозволи ни да го препашаме со вреќиште крстот свој, да ставиме јажиња околу главите свои и да отидеме при израилскиот цар; можеби тој ќе го запази животот твој.« Тие го препашаа крстот свој со вреќиште, ставија околу главите свои јажиња и дојдоа при израилскиот цар, па рекоа: »Твојот слуга Адад вели: ‚Поштеди го животот мој.‘« Оној праша: »Зар е тој жив? Тој ми е брат.« Тие луѓе го примија тоа како добар знак и брзо го зедоа зборот од устата негова и рекоа: »Адад е твојот брат.« А тој им рече: »Одете и доведете го.« Тогаш Адад излезе пред него, а тој го качи до себе во колата. И му рече Адад: »Градовите, што таткото мој ги презеде од твојот татко, ќе ги вратам, и ти можеш да имаш за себе плоштади во Дамаск, како што имаше татко ми во Самарија.« Ахав одговори: »Со договор ќе те пуштам.« И, откако склучи договори со него, го пушти. Тогаш еден од пророковите синови според словото Господово му рече на еден од своите другари: »Тепај ме!« Но тој човек не се согласи да го бие. Тогаш му рече: »Поради тоа што не го послуша Господовиот глас, ќе те умртви лав, кога ќе си отидеш од мене.« Тој си отиде од него, и лав го сретна и го умртви. Тој најде друг човек и рече: »Биј ме!« Оној човек го биеше толку многу, што му направи рани од тепањето. Тогаш пророкот тргна и застана пред царот на патот, покривајќи ги очите со покривало. Кога царот минуваше, тој извика кон царот и рече: »Твојот слуга одеше во борба, и ете, еден човек, откако се тргна настрана, доведе при мене човек и рече: ‚Варди го овој човек; ако не го зачуваш, душата твоја ќе оди место неговата душа, или ќе треба да одмериш талант сребро.‘ Кога слугата твој се зафати со едни и други работи, тој се изгуби.« А израилскиот цар му рече: »Таква ти е пресудата; ти сам си ја решил.« Тој тогаш го симна покривалото од очите свои, и царот го позна, дека е од пророците. И му рече: »Вака вели Господ: затоа што го пушти од рацете свои човекот, што го бев предал на проклетство, твојата душа ќе оди место неговата душа, и твојот народ – место неговиот народ.« Израилскиот цар си замина во домот свој возбуден и огорчен и стигна во Самарија. По тие настани еве што се случи: Израелецот Навутеј имаше во Језраел лозје до дворецот на самарискиот цар Ахав. Ахав му рече на Навутеја, велејќи: »Дај ми го лозјето свое; тоа ќе ми биде овоштарник, бидејќи е близу до мојот дом, а место него ќе ти дадам поубаво лозје од тоа, или, ако сакаш, ќе ти дадам сребро, колку што чини тоа.« Но Навутеј му одговори на Ахава: »Да ме чува Гсопод да ти го дадам наследството од татковците свои.« Ахав се врати во домот свој возбуден и огорчен од зборовите, што му ги беше кажал Језреелецот Навутеј, велејќи: зар да ти го дадам наследсвото од татковиците свои. Душевно збркан, легна на постелата своја, си го сврти лицето и не јадеше леб. При него влезе жена му Јазавела и му рече: »Зошто си збркан со духот, па и леб не јадеш?« Тој ѝ одговори: »Кога му спомнав на Језреелецот Навутај и му реков: ‚дај ми го лозјето за сребро, или, ако сакаш, да ти дадам друго лозје место него‘, – тој ми одговори – не ти го давам лозјето свое, наследство од татковците мои.« Тогаш жена му Јазавела му рече: »Какво царство ќе биде во Израилот, ако ти постапуваш така? Стани, јади леб и биде спокоен; јас ќе го земам лозјето од Језреелецот Навутеј.« И таа напиша писма од името на Ахава, ги запечати со неговиот печат и ги испрати до старешините и големците што живееја со Навутеја, во градот негов. Во писмата таа пишуваше вака: »Објавете пост и поставете го Навутеја пред народот; и спроти него ставете двајца лоши луѓе, што ќе сведочат против него и да кажат: ‚Ти хулеше на Бога и на царот.‘ И потоа изведете го и убијте го со камења, та да умре.« Тогаш мажите на неговиот град, старешините и големците, што живееја во градот негов, направија како што им заповеда Језавела, така, како што беше напишано во писмото, што го беше испратила до нив. Објавија пост и го поставија Навутеја пред народот; па излегоа двајца лоши луѓе, седнаа спроти него и сведочеа против него пред народот и велеа: »Навутеј хули на Бога и на царот.« Па го изведоа надвор од градот, го убија со камења, и тој умре. Испратија да ѝ кажат на Језавела: »Навутеј е убиен со камења и умре.« Кога чу, дека Навутеј е убиен со камења и умрел, Језавела му рече на Ахава: »Стани и завладеј со лозјето на Језреелецот Навутеја, кој не сакаше да ти го даде за сребро, бидејќи Навутеја го нема меѓу живите, тој умрел.« Кога чу, дека Језреелецот Навутеј бил убиен, Ахав ја раскина облеката своја, стави вреќиште врз себе, а потоа стана и отиде во лозјето на Језреелецот Навутеј и го завладеа. Тогаш би словото Господово кон Тесвитецот Илија: »Стани и пресретни го израилскиот цар Ахава, кој е во Самарија, – ете, сега е во лозјето на Навутеја, каде што дошол да завладее, – и кажи му: ‚вака вели Господ: »ти си убил, и уште стапуваш во наследство!«‘ И кажи му: ‚Вака вели Господ: »на она место, каде што кучињата ја лижеа Навутеевата крв, кучињата ќе ја лижат и твојата крв.«‘« Ахав му рече на Илија: »Ти ме најде, мој непријателе!« Тој рече: »Те најдов, бидејќи ти се оддаде да го вршиш она што е неугодно пред очите на Господа и да Го гневиш. Вака вели Господ: ете, ќе ти испратам казна, ќе исчистам сѐ по тебе и ќе го истребам кај Ахава и она што мокри до ѕид, и што е затворено и изоставено во Израилот; и ќе постапам со твојот дом така, како што постапив со домот на Навутеевиот син Јеровоам и со домот на Ахиевиот син Васа, за наскрбувањето, со што ти ме раздразни и го наведе во грев Израилот.« И за Језавела Господ рече: »Кучињата ќе ја изедат Језавела зад Језреелските ѕидови; и кој од Ахавовиот дом ќе умре во градот, него кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, него птиците небески ќе го исколваат; уште немало таков како Ахава, што да се оддава да го врши она што е неугодно пред очите на Господа, за кое го советуваше жена му Језавела; тој постапуваше многу гнасно, следејќи ги идолите, како што правеа Аморејците, кои Господ, ги изгони од пред лицето на Израилевите синови.« Откако ги ислуша сите тие зборови, Ахав се умилкуваше пред Господа, одеше, и плачеше, ја раскина облеката своја, го покри телото свое со вреќиште, постеше и спиеше во вреќиште и одеше нажален. И би слово Господово кон Илија Тесвитецот за Ахава. И Господ рече: »Виде ли, како се смири Ахав пред Мене? Затоа што се смири пред Мене, Јас нема да му испратам зло во неговите дни, туку во дните на синот негов ќе пратам зло врз неговиот дом.« Изминаа три години, без војна меѓу Сирија и Израил. На третата година јудејскиот цар Јосафат отиде при израискиот цар. Израилскиот цар им кажа на слугите свои: »Знаете ли, дека Рамот Гладски е наш? А ние толку долго молчиме и не го земаме од рацете на сирискиот цар.« И му рече на Јосафата: »Ќе појдеш ли со мене во војна против Рамот Галадски?« Јосафат му одговори на израилскиот цар: »Како што одиш ти, така и јас; како твојот народ, така и мојот народ; како твоите коњи, така и моите.« Јосафат уште му рече на израилскиот цар: »Прашај денес што ќе каже Господ.« Израилскиот цар ги собра тогаш пророците – до четиристотини души – и ги праша: »Да одам ли во војна против Рамот Галадски, или не?« Тие одговорија: »Оди, Господ ќе го предаде во рацете на царот.« Јосафат праша: »Нема ли тука уште некој пророк Господов, та преку него да Го прашаме Господа?« Израилскиот цар му одговори на Јосафата: »Има уште еден човек, преку кого можеме да го прашаме Господа, но јас не го сакам него, зашто не пророкува за мене добро, туку само зло, – тој е Јемвлаевиот син Михеј.« Јосафат рече: »Цару не говори така.« Израилскиот цар повика еден дворјанин и рече: »Оди поскоро по Јемвлаевиот син Михеј!« Израилскиот цар и Јосафат, јудејскиот цар, седеа секој на своето седиште, облечени во царска облека, на плоштадот пред портите на Самарија, и сите пророци пророкуваа пред нив. Хенановиот син Седекија си направи железни рогови и рече: »Вака вели Господ: со овие ќе ги избодеш Сириците, дедека да ги истребиш.« И сите пророци го пророкуваа истото, велејќи: »Оди против Рамот Галадски; ќе има успех; Господ ќе го предаде во рацете на царот.« Испратениот, кој беше отишол да го повика Михеја, му рече: »Еве, зборовите на пророците едногласно му претскажуваат добро на царот; и твојот збор нека биде согласен со зборот на секој од нив; искажи и ти добро.« Михеј одговори: »Жив ми Господ! Ќе го кажам она, што ќе ми каже Господ.« Кога дојде при царот, овој го праша: »Михеј, да одиме ли во војна против Рамот Галадски, или не?« А тој му одговори: »Оди, ќе има успех; Господ ќе го предаде во рацете на царот.« Тогаш царот му рече: »Пак ли да те заколнувам да не говориш ништо, освен вистината во името на Господа?« Тој одговори: »Ги гледам сите Израилци распрснати по горите како овци, кои немаат пастир, зашто Господ рече: ‚господар немаат; секој нека се врати со мир во домот свој.‘« Израилскиот цар му рече на Јосафата: »Нели ти реков, дека тој не пророкува добро за мене, туку само лошо?« А Михеј одоговори и рече: »Не така, ислушај го словото Господово; Го видов Господа како седи на Својот престол, и целата небесна војска стоеше при Него десно и лево; и Господ рече: кој ќе го наговори Ахава да оди и да падне во Рамот Галадски? И еден велеше вака, а друг инаку; еден дух, пак, истапи, застана пред лицето на Господа и рече: ‚јас ќе го склонам!‘ И еден велеше вака, а друг инаку; Тој одговори: ‚ќе излезам и ќе стана лажливиот дух во устата на сите негови пророци.‘ Господ рече: ‚ти ќе го наговориш и ќе го исполниш тоа;‘ оди и направи така. И, ете, Господ сега допушти лажлив дух во устата на сите тие твои пророци; но Господ искажа за тебе лошо.« А Хенановиот син Седекија се доближи, го удри Михеја по устата, и рече: »Како, зар излезе од мене Духот Господов, за да говори во тебе?« Михеј одговори: »Ете, ти ќе го водиш тоа во оној ден, кога ќе бегаш од една соба во друга, за да се сокриеш.« Тогаш израилскиот цар рече: »Земете го Михеја и одведете го при градоначалникот Амон и при царскиот син Јоаса. И кажете: вака вели царот: ‚Затворете го овој во темницата и хранете го скудно со леб и скудно со вода, додека не се вратам со мир.‘« А Михеј рече: »Ако се вратиш со мир, тогаш Господ не зборувал преку мене.« И рече: »Чујте, сите луѓе!« Потоа израилскиот цар и Јосафат, јудејскиот цар, тргнаа за Рамот Галадски. Израискиот цар му рече на Јосафата: »Јас ќе се преоблечам и ќе влезам во борба, а ти облечи си ги царските алишта.« И израилскиот цар се преоблече и влезе во борба. А Сирскиот цар им заповеда на војводите над колите, на број беа триесет и двајца, велејќи: »Не бијте се ниту со мал, ниту со голем, туку само со израилскиот цар.« Војводите над колите кога го видоа Јосафата, помислија, бездруго, тоа е израилскиот цар, и се свртеа против него, за да се удрат со него. Но Јосафат почна да вика. И војводите над колите кога видоа дека тој не е израилскиот цар, се иставија од него. А еден човек случајно го запна лакот и го рани израилскиот цар низ шевовите на околопот. А царот му рече на својот колар: »Врти назад и извади ме од војската, бидејќи сум ранет.« Но во тој ден борбата се засили, и царот стоеше во колата спроти Сирците, а вечерта умре; крвта од раката се слеваше по колата. И при зајдисонце беше објавено по целиот логор: секој да си оди во градот свој, секој – во земјата своја. Така умре царот и беше донесен во Самарија, и го погребаа царот во Самарија. Колата ја измија на Самарискиот извор, каде што се миеја блудниците, и кучињата ја лижеа крвта негова, според словото на Господа, кое Он го изрече. Другите дела на Ахава и сѐ што беше направил, и куќата од слонова коска, што ја изгради, и сите градови што ги изгради, се опишано во летописите на израилските цареви. Ахав почина при татковците свои, а место него стана цар синот негов Охозија. Јосафат, синот на Аса, стана цар над Јудеја во четвртата година на израилскиот цар Ахава. Јосафат беше на триесет и пет години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим дваесет и пет години. Мајка му се викаше Азува, Салаилева ќерка. Во сѐ тој врвеше по патот на татка си свој Аса, не се отклонуваше од него, вршејќи го она што не беше угодно пред очите на Господа. Јосафат склучи мир со израилскиот цар. Другите дела на Јосафата и подвизите негови, што ги изврши, и како војувал, се опишани во летописите на јудејските цареви. И сите блудници што беа останале од времето на татка му Аса, тој ги истреби од земјата. Во Идумеја тогаш немаше цар; имаше царски намесник. Царот Јосафат изгради кораби на морето, за да оди во Офир по злато; но тие не стигнаа до таму, бидејќи се разбија во Есион-Гавер. По смртта на Ахава, Моав се одметна од Израилот. А Охозиј падна низ прозорската решетка на својата горна соба, која е во Самарија, и се разболе. Па испрати пратеници и им рече: »Одете, прашајте го Веелзевула, акаронското божество: ќе оздравам ли од оваа болест?« И тие отидоа да прашаат. Тогаш Ангел Господов му кажа на Илија Тесвитецот: »Стани, пресретни ги пратениците на самарискиот цар и кажи им: ‚Зар во Израилот нема Бог, та сте тргнале да го прашате Веелзевула, акаронското божество?‘ Затоа вака вели Господ: ‚Од постелата на која си легнал, нема да станеш, туку ќе умреш‘«. И отиде Илија и им кажа. Се вратија пратениците при Озохија. И тој ги праша: »Зошто се вративте?« Тие му одговорија: »Не пресретна еден човек и ни рече: ‚Одете, вратете се при царот, кој ве испратил, и кажете му: вака вели Господ: »зар во Израилот нема Бог, та испраќаш да го прашаш Веелзевула, акаронското божество?« Затоа од постелата на која си легнал, нема да станеш, туку ќе умреш.‘« Тој ги праша: »Каков беше на изглед оној човек, што ве пресретна и ви ги кажа тие зборови?« Тие му одговорија: »Тој човек целиот беше со влакна и беше опашан преку половината со кожен појас.« Тој рече: »Тоа е Илија Тесвитецот.« Тогаш испрати царот при него педесетник со неговите педесетмина. И тој се искачи при него, кога Илија седеше на врвот од гората, и му рече: »Човеку Божји, царот нареди да слезеш.« Одговори Илија и му рече на педесетникот: »Ако сум јас човек Божји, нека падне оган од небото и да те изгори тебе и твоите педесетмина.« И падна оган од небото и го изгори него и неговите педесетмина. Царот испрати друг педесетник со неговите педесетмина. И тој му проговори и рече: »Човеку Божји, вака вели царот: ‚Слези поскоро!‘« Илија одговори и му рече: »Ако сум јас човек Божји, нека падне оган од небото и да те изгори тебе и твоите педесетмина«. И падна оган Божји од небото и го изгоре него и неговите педесетмина. Царот испрати по третпат педесетник со неговите педесетмина. Третиот педесетник стана, та дојде, и падна на коленици пред Илија, го молеше и му зборуваше: »Човеку Божји, да не биде презрена душата моја и душата на твоите слуги – овие педесетмина – пред твоите очи; Ете, падна оган од небото и ги изгоре двајцата претходни педесетници со нивните педесетмина; но сега да не биде презрена душата моја пред твоите очи!« Тогаш му рече Ангелот Господов на Илија: »Оди со него и не плаши се од него.« И тој стана, та отиде со него при царот. И му рече: »Вака вели Господ: ‚Поради тоа што испрати пратеници да го прашаат Веелзевула, акаронското божество, како да немаше во Израилот Бог да Го прашаш за словото Негово, – ти нема да станеш од леглото, на кое си легнал, туку ќе умреш.‘« И тој умре според словото Господово, што го изрече Илија. И стана цар Јорам, братот на Охозија, место него, во втората година на Јорама, син Јосафатов, цар јудејски, бидејќи оној немаше син. Другото за Охозија, она што го извршил тој, е опишано во летописите на израилските цареви. Во она време, кога Господ сакаше да го вознесе Илија на небото во виор, Илија со Јелисеја доаѓаше од Галгал. И му рече Илија на Јелисеја: »Остани тука, зашто Господ ме испраќа во Ветил.« Но Јелисеј рече: »Жив Господ и жива ти душа! Нема да те оставам.« И отидоа во Ветил. И излегоа при Јелисеја синовите пророчки, што беа во Ветил, и му рекоа: »Знаеш ли, дека денес Гсопод ќе го вознесе твојот господар над главата твоја!« Тој одговори: »И јас знам, молчете.« И му рече Илија: »Јелисее, остани тука, зашто Господ ме испраќа во Јерихон.« А тој рече: »Жив Господ и живе ти душа! Нема да те оставам.« И дојдоа во Јерихон. Тогаш се приближија синовите пророчки, што беа во Јерихон, и му рекоа: »Знаеш ли, дека денес Господ го зема твојот господар и ќе го вознесе над главата твоја?« Тој одговори: »И јас знам, молчете.« Пак му рече Илија на Јелисеја: »Остани тука, зашто Господ ме испраќа во Јордан.« А тој рече: »Жив Господ и жива ти душа! Нема да те оставам.« И тргнаа обајцата. Педесет души од синовите пророчки тргнаа и застанаа подалеку спроти нив, а тие двајца стоеја при Јордан. Тогаш го зеде Илија кожувот свој, го свитка и удри со него по водата, и таа се раздели на две страни, па така и двајцата минаа по суво. Кога минаа, Илија му рече на Јелисеја: »Барај, што сакаш да ти направам, пред да бидам земен од тебе.« Јелисеј одговори: »Духот, кој е во тебе, да биде двојно во мене.« А тој рече: »Бараш нешто многу тешко; ако видиш, како ќе бидам земен од тебе, така ќе ти биде; ако, пак, не видиш, нема да ти биде.« Како што одеа и си разговараа по патот, наеднаш се појави огнена кола и огнени коњи, и ги раздвоија еден од друг, и Илија се понесе во виорот кон небото. А Јелисеј гледаше и извика: »Оче мој, оче мој, кола на Израилот и негова коњица!« И веќе не го виде. Па ја фати облеката своја, и ја раскина на две парчиња. И го крена тој кожувот на Илија, што беше паднал од него, па се врати и се запре крај брегот на Јордан; го зеде кожувот на Илија, што беше паднал од него, удри со него по водата, и рече: »Каде е Господ, Бог Илиев? Он Самиот?« И удри по водата, а таа се раздели на две страни, и Јелисеј помина. И го видоа од далеку синовите пророкови, што беа во Јерихон и рекоа: »Илиевиот дух слезе врз Јелисеја.« Му излегоа во пресрет и му се поклонија до земја. И му рекоа: »Ете, во нас, твоите слуги, има педесет души силни мажи; нека одат тие да го побараат господарот твој; можеби, Духот Господов го однел и го фрлил на некоја гора, или во некој дол.« А тој рече: »Немојте да испраќате!« Но тие настојуваа пред него многу, та му здодеаја, па им рече: »Испратете!« И испратија педесет души, кои бараа три дена, но не го најдоа, и се вратија при него, додека тој беше во Јерихон; и тој им рече: »Нели ви говорев: не одете!« Тогаш жителите на градот му кажаа на Јелисеја: »Ете, како што гледаш, господару, положбата на овој град е добра; но водата е лоша и земјата е бесплодна.« А тој рече: »Дајте ми нова чаша и турета во неа сол.« И му дадоа. Тој отиде при изворот на водата, ја фрли во неа солта и рече: »Вака вели Господ: ‚Јас ја направив здрава таа вода; и во иднина нема да доаѓа од неа ни смрт, ни бесплодност.‘« И водата остана здрава до денес, според зборот, што го кажа Јелисеј. Оттаму тој отиде во Ветил. Кога одеше по патот, мали деца излегоа од градот, му се потсмеваа и му велеа: »Врви, ќелавко! Врви, ќелавко!« Тој се сврти, ги виде и ги проколна во името Господово. Тогаш излегоа од гората две мечки и раскинаа од нив четириесет и две деца. Оттука отиде на гората Кармил, а оттаму се врати во Самарија. Јорам, синот Ахавов, стана цар над Израилот во Самарија во осумнаесеттата година на јудејскиот цар Јосафат и царуваше дваесет години. Тој вршеше она што беше неугодно пред очите на Господа, макар и не така, како татко му и мајка му, зашто ја собори статуата на Ваала, што беше ја напарвил татко му; при сето тоа тој остана во гревовите на Јеровоама, Наватовиот син, што беше го навел на грев Израилот, и не отстапуваше од нив. Моавскиот цар Моса имаше многу добиток и му испраќаше на израилскиот цар по сто илјади овци и по сто илјади неистрижени овни. Но, штом умре Ахав, моавскиот цар се одметна од израилскиот цар. Во она време царот Јорам излезе од Самарија и ги преброи сите Израилци, па отиде и испрати да му кажат на јудејскиот цар Јосафата: »Моавскиот цар се одметна од мене; одиш ли со мене во војна против Моава?« Тој одговори: »Одам; како што ќе отидеш ти, така и јас, како твојот народ, така и мојот народ, како твоите коњи, така и моите коњи.« И рече: »По кој пат да одам?« Тој рече: »По патот низ Едомската пустиња.« И тргнаа израилскот цар, јудејскиот цар и едомскиот цар, и одеа по заобиколен пат седум дена, и немаше вода за војската и за добитокот, што одеше по нив. Тогаш рече израилскиот цар: »Ах! Господ ги изведе овие тројца цареви, за да ги предаде во раката на Моава.« Но Јосафат рече: »Нема ли тука пророк Господов, па преку него да го прашаме Господа?« Одговори еден од слугите на израилскиот цар и рече: »Тука е Јелисеј, Сафатовиот син, кој полеваше вода на Илиевите раце.« И рече Јосафат: »Во него има слово Господово.« И отидоа при него израилскиот цар и Јосафат и едомскиот цар. И му рече Јелисеј на израилскиот цар: »Што имаш ти со мене! Оди кај пророците на татковците свои и кај пророците на мајка си своја.« И му кажа израилскиот цар: »Не, зашто Господ ги изведе овде овие тројца цареви, за да ги предаде во раката на Моава.« И рече Јелисеј: »Жив Господ Саваот, пред Кого стојам! Ако не го почитував Јосафата, јудејскиот цар, не би те погледнал и не би те видел; туку повикајте ми гуслар.« И кога гусларот свиреше на гуслата, тогаш раката Господова се допре до Јелисеја, и тој рече: »Вака говори Господ: ‚Направете ја оваа долина јама до јама;‘ зашто вака вели Господ: нема да видите ветар и нема да видите дожд, а оваа долина ќе се наполни со вода, од која ќе пиете вие и ситниот и крупниот добиток ваш; но тоа е малку пред очите на Господа: Он и Моава ќе го предаде во рацете ваши, и ќе ги поразите сите укрепени градови и сите главни градови, и ќе ги исечете сите добри дрвја, и ќе ги запрете сите извори, и сите добри ниви и ќе ги затрупате со камења.« Утредента, кога се вознесуваше лебен принос, наеднаш потече вода по патот од Едом, и земјата се наполни со вода. Кога слушнаа Моавците, дека царевите доаѓаат да војуваат со нив, беа собрани сите, што носат појас и постари, па застанаа на границата. Изутрината станаа рано, кога сонцето изгреа над водата; на Моавците таа вода оддалеку им се прични црвена како крв. И тие рекоа: »Тое е крв; се степале царевите меѓу себе и се истребиле еден со друг. А сега на плен, Моаве!« И тие дојдоа до израилскиот логор. Станаа Израилците и фатија да ги поразуваат Моавците, кои почнаа да бегаат од нив, а тие продолжуваа да налетуваат врз нив и да ги поразуваат. И ги разрушија градовите, и во секоја добра нива секој фрли по еден камен, и ја наполнија, и сите водни извори ги затрупаа, и сите плодни дрвја ги исекоа, така што во Кир-Харемет останаа само камења. И го заобиколија праќкашите и го разрушија. Тогаш моавскиот цар виде дека ја губи битката, и зеде со себе седумстотини души, кои ракуваа со меч, за да се пробијат кон едомскиот цар, но не можеа. И тој го зеде својот првороден син, кому му се паѓаше да царува место него, и го принесе како жртва сепаленица врз ѕидот. Тоа предизвика големо негодување кај Израилците, и тие се повлекоа од него и се вратија во земјата своја. Една од жените на пророчките синови со плачење му говореше на Јелисеја: »Твојот слуга, мажот мој, умре; а ти знаеш, дека твојот слуга се плашеше од Господа; сега дојде заемодавачот да ги земе двете мои деца за робје.« Јелисеј ѝ рече: »Што да направам за тебе? Кажи ми што имаш дома?« Таа одговори: »Слугинката твоја ништо нема во домот свој, освен еден сад со масло.« А тој рече »Оди и побарај садови однадвор, од сите твои соседи, празни садови; собери доволно, потоа оди и затвори ја вратата зад себе и зад синовите свои и налевај во сите тие садови; полните ставај ги настрана.« Таа си отиде од него и ја затвори вратата зад себеси и зад синовите свои. Тие ѝ подаваа, а таа налеваше. Кога беа наполнети садовите, таа му рече на синот свој: »Дај ми уште еден сад.« Тој ѝ рече: »Нема повеќе садови.« И маслото престана да тече. Таа дојде и му раскажа на Божјиот човек. Тој ѝ рече: »Оди, продај го маслото и исплати ги долговите свои; а со тоа, што ќе остане, ќе живееш со синовите свои.« Еден ден Јелисеј отиде во Сонам. Таму една богата жена го покани во домот свој да јаде леб, и тој, секогаш кога ќе минеше, навратуваше таму да јаде леб. Таа му рече на мажот свој: »Ете, јас знам, дека Божјиот човек, кој постојано минува покрај нас, е свет; да му направиме мала горна соба над ѕидот и да му ставиме таму легло и маса, и стол и светилник, та кога доаѓа кај нас, да се повлекува таму.« Еден ден Јелисеј отиде таму, се качи во горната соба своја и си легна таму, па му кажа на слугата свој Гиезиј: »Повикај ја таа Сонамка.« Тој ја повика, и таа застана пред него. И му рече: »Кажи н: ‚ете, ти толку се грижиш за нас; што да направиме за тебе? Има ли потреба да му проговориме за тебе на царот, или на војводата!‘« Таа одговори: »Не, јас живеам меѓу народот свој.« Јелисеј продолжи и рече: »Тогаш што да направиме за неа?« И рече Гиезиј: »Ете, таа нема син, а мажот нејзин е стар.« И рече Јелисеј: »Повикај ја.« Тој ја повика, и таа застана на вратата. Јелисеј ѝ рече: »По една година, во ова исто време, ти ќе држиш на раце син.« Таа рече: »Не, господару мој, човеку Божји, немој да ја лажеш слугинката своја.« И жената остана бремена и роди син на другата година, во она исто време, како што ѝ кажа Јелисеј. Детето порасна и еден ден отиде кај татка си, при жетварите. И му кажа на татка си: »Главата, главата ме боли.« А тој му рече на слугата свој: »Одведи го кај мајка му!« Го зеде и го одведе кај мајка му. И тоа седеше во скутот нејзин до пладне и умре. Таа отиде и го положи во леглото на Божјиот човек, го затвори и излезе, па го повика мажот свој и рече: »Испрати ми еден од слугите и една од ослиците; ќе одам кај Божјиот човек и ќе се вратам.« А тој ја праша: »Зошто ќе одиш при него? Денес не е нов месец, не е ни сабота.« Но таа рече: »Добро е.« И ја оседла ослицата и му кажа на слугата свој: »Води и врви; не запирај додека не ти кажам.« И тргнаа и дојдоа при Божјиот човек, на гората Кармил. А кога Божјиот човек ја виде оддалку, му кажа на слугата свој Гиезија: »Еве ја онаа Сонамка; отрчај да ја пресретнеш и да ја прашаш: ‚здрава ли си, здрав ли е мажот нејзин, здраво ли е детето?‘« – Таа одгорови: »Здрави сме.« А кога дојде при Божјиот човек на гората, се фати за нозете негови. И Гиезиј се доближи, за да ја отстрани; но Божјиот човек рече: »Остави ја, душата ѝ е огорчена, а Господ ја сокри од мене и не ми јави.« И таа рече: »Барав ли јас од мојот господар син? Не зборував ли: немој да ме лажеш?« Тој тогаш му рече на Гиезија: »Опаши се преку половината и земи го стапот мој во раката и врви; ако сретнеш некого, не го поздравувај; а ако некој те поздрави, не му одговарај; и стави го стапот врз лицето на детето!« А мајката на детето рече: »Жив Господ и жива ти душата! Нема да те оставам.« Тогаш и тој стана и тргна по неа. Гиезиј отиде пред нив и го стави стапот врз лицето на детето. Но не се чу ни глас, ни одговор. И му излезе во пресрет, му соопшти и рече: »Детето не се разбудува.« И Јелисеј влезе во куќата, и ете, умрено дете лежи на леглото негово. И влезе, ја затвори вратата зад себе и му се помоли на Господа; потоа се качи, легна врз детето, ја стави устата своја врз неговата уста, очите свои врз неговите очи, и дланките свои врз неговите дланки, и се простре врз него, и телото на детето се загреа. Јелисеј стана и почна да оди по собата натаму – наваму; потоа пак се качи и се простре врз него. И детето кивна седумпати и ги отвори очите свои. И тој го повика Гиезија и му рече: »Повикај ја Сонамката!« И тој ја повика. Таа дојде при него, и тој рече: »Земи си го синот свој!« Таа се доближи, падна пред нозете негови и се поклони до земја; потоа го зеде синот свој и излезе. А Јелисеј се врати во Галгал. Во таа земја имаше глад, и синовите пророчки седеа пред него. И тој му кажа на слугата свој: »Стави го големиот котел и свари леќа за пророчките синови.« И излезе еден од нив во полето да собира зелен; најде еден корен од дива лоза, и набра од неа полн скут диви плодови; се врати и ги стави во котелот со леќа, зашто не ги познаваше. Им поставија да јадат. Но штом почнаа да ја јадат леќата, извикаа и велеа: »Смрт има во котелот, човече Божји!« И не можеа да јадат. А тој рече: »Дајте брашно!« И го истури во котелот и му рече на Гиезија: »Стави им на луѓето, нека јадат.« И во котелот не остана ништо отровно. Дојде некој си од Ветарис и му донесе на Божјиот човек лебна првина – дваесет јачмени лепчиња и млади зрна во класови. И рече Јелисеј »Дај им на луѓето да јадат.« И рече слугата негов: »Што ќе им дадам на сто души?« А тој рече: »Дај им да луѓето, нека јадат, зашто така вели Господ: ќе се наситат, и ќе остане.« Тој им даде, и тие се наситија, и остана уште, според словото Господово. Нееман, војвода на сирскиот цар, беше голем човек пред господарот свој и почитуван, зашто преку него Господ им беше дал победа на Сиријците; и тој човек беше одличен војник, но лепрозен. Еднаш Сиријците излегоа во чети и запленија од Израилската земја едно мало девојче, и тоа ѝ служеше на Неемановата жена. Таа ѝ рече на господарката своја: »О, да отидеше мојот господар при пророкот, кој е во Самарија, тој ќе ја симнеше од него лепрата.« Тогаш Нееман отиде и му го кажа тоа на господарот свој, велејќи: »Така и така вели девојчето, што е од Израилската земја.« И сирскиот цар му рече на Неемана: »Стани, оди, јас пак, ќе испратам писмо до израилскиот цар.« Тој отиде, земјаќи со себе десет таланти сребро, шест илјади сикли злато и десет промени облека; и му го однесе на израилскиот цар писмото, во кое се велеше: »Заедно со ова писмо, ете, го испраќам при тебе Неемана, мојот слуга, да ја симнеш од него лепрата негова.« Израилскиот цар, откако го прочита писмото, ја раскина облеката своја и рече: »Зар сум јас Бог, да умртвувам и да оживувам, та испраќа при мене да ја симнам од овој човек лепрата негова? Ете, знаете сега и гледајте, дека тој бара повод за непријателство против мене.« Кога Божјиот човек Јелисеј чу, дека израилскиот цар ја раскинал облеката своја, испрати да му речат на царот: »Зошто ја раскина облеката своја? Нека дојде при мене и нека познае, дека има пророк во Израилот.« И дојде Нееман со коњите свои и со колите свои и застана пред влезот на Јелисеевиот дом. Тогаш Јелисеј го испрати при него слугата свој да му каже: »Оди, искапи се седумпати во Јордан, и телото твое ќе се обнови, и ќе бидеш чист.« Се разгневи Нееман и си тргна, велејќи: »Ете, јас мислев, дека тој ќе излезе, ќе застане и ќе го повика името на Господа, својот Бог, ќе ја стави раката своја на местото и ќе ја симне лепрата; зар дамаските реки Авана и Фарфар не се подобри од сите израилски води? Не можев ли да се искапам во нив и да се исчистам?« Па се сврти и си отиде налутен. Му се доближија слугите негови и му рекоа, велејќи: »Оче, да беше ти кажал пророкот нешто тешко, немаше ли да го направиш. А камо ли сега, кога ти рече само: искапи се, и ќе бидеш чист!« Тој отиде и се потопи во Јордан седумпати, според зборовите на Божјиот човек, и телото му се обнови како тело на мало дете и се исчисти. Тогаш се врати при Божјиот човек, тој и сите придружници негови, дојде, застана пред него и рече: »Еве, познав, дека по целата земја нема Бог, освен во Израилот; прими, пак сега дар од твојот слуга.« Јелисеј одгорови: »Жив Господ, пред чие лице стојам! Не примам.« Оној го принудуваше да земе, но тој не се согласи. И рече Нееман: »Штом е така, нека му дадат на твојот слуга земја, колку што можат да носат две маски, зашто во иднина слугата твој нема да принесува сепаленици и жртви на други богови, освен на Господа; само, еве што да ми прости Господ на слугата твој: кога мојот господар оди во домот на Римона, за да се поклони таму и се потпре врз раката моја, и јас се поклонам во домот на Римона, тогаш Господ да му прости на слугата твој за поклонувањето мое во домот на Римона.« А тој му рече: »Оди си со мир!« И тој отиде од него и прилично се оддалечи. Тогаш Гиезиј, слугата на Божјиот човек Јелисеја рече: »Ете, мојот господар не сакаше да го земе од раката на тој сириец Нееман, она што го беше донел. Жив Господ! Ќе потрчам по него и ќе земам нешто од него.« И потрча Гиезиј по Неемана. Нееман виде, дека некој трча по него, слезе од колата да го пресретне и рече: »Дали си со мир?« Тој одговори: »Со мир сум; мојот господар ме испрати да кажам: ете, сега дојдоа при мене од Ефремовата гора две момчиња од пророчките синови; дај ми еден талант сребро и две промени облека.« И Нееман рече: »Земи, ако сакаш, два таланта.« И многу го молеше. Тогаш тој заврза два таланта сребро во две торби и две промени облека и им ги даде на двајцата слуги свои, та ги понесоа пред него. Кога тој дојде до брегот, ги зеде од рацете нивни и ги сокри во домот свој. И ги отпушти луѓето, и тие си отидоа. Кога дојде и се јави пред господарот свој, Јелисеј го праша: »Од каде доаѓаш, Гиезиј?« Тој одговори: »Никаде не одел слугата твој.« Тој му рече: »Зар срцето мое не те придружуваше, кога оној човек се врати од колата своја да те пресретне? Време ли е да се земе сребро и да се зема облека, или маслинови дрвја и лозја, ситен или крупен добиток, слуги или слугинки? Затоа, Неемановата лепра нека се залепи на тебе и на потомството твое засекогаш.« И тој излезе од него бел како снег од лепрата. Тогаш пророчките синови му кажаа на Јелисеја: »Ете, местото каде што живееме при тебе, е тесно за нас; да одиме до Јордан, да земеме оттаму секој по една греда и да си направиме таму живеалиште.« Тој им рече: »Одете!« А еден од нив рече: »Направи ни милост, дојди и ти со слугите твои.« Тој одговори: »Ќе дојдам.« И тргна со нив, дојдоа до Јордан и почнаа да сечат дрвја. И кога еден соборуваше греда, секирата му падна во водата. Тој извика и рече: »Ах, господару! А таа беше земена на заем!« Божјиот човек запраша: »Каде падна таа?« Тој му го покажа местото. Тогаш Јелисеј исече парче дрво, па го фрли таму, и секирата исплива. Тогаш му рече: »Земи си ја.« Тој ја спружи раката и ја зеде. Сирискиот цар тргна во војна против Израилците и се советуваше со слугите свои, велејќи: »Во тоа и тоа место ќе го поставиме својот логор.« Божјиот човек испрати да му кажат на Израилскиот цар: »Внимавај да не минуваш преку она место, зашто таму Сиријците се во заседа.« И Израилскиот цар испрати разузнавачи, на тоа место, за кое му порача Божјиот човек, и се пазеше; и се зачува оттаму не еднаш и не двапати. И му се вознемири срцето на сирискиот цар поради тоа, и тој ги повика слугите свои и им рече: »Кажете ми, кој од нашите одржува врска со израилскиот цар?« И рече еден од слугите негови: »Никој, господару мој, цару; туку пророкот Јелисеј, кој е во Израилот, му ги соопштува на израилскиот цар и оние зборови, што ти ги говориш во спалната соба своја.« Тогаш тој рече: »Одете, дознајте, каде е тој, и јас ќе испратам да го фатат.« И му соопштија и рекоа: »Ете, тој е во Дотаим.« И испрати таму коњи и коли и многу војска. Дојдоа ноќе и го опколија градот. Изутрината слугата на Божјиот човек стана и излезе. А тоа војска околу градот и коњи и коли. Слугата му рече: »Тешко, господару! Што да правиме?« Тој одговори: »Не плаши се, зашто оние, што се со нас, се повеќе од оние, што се со нив.« Јелисеј се помоли и рече: »Господи, отвори му ги очите да види.« И Господ му ги отвори очите на слугата, и тој виде, а тоа целата гора полна со коњи и огнени коли околу Јелисеја. Кога Сиријците отидоа при него, Јелисеј му се помоли на Господа и рече: »Порази ги со слепило.« И Господ ги порази со слепило, според зборот на Јелисеја. Јелисеј тогаш им рече: »Не е тоа патот, не е тоа градот, одете по мене, јас ќе ве одведам при оној, што го барате.« И ги одведе во Самарија. Кога дојдоа во Самарија, Јелисеј рече: »Господи, отвори им ги очите да видат.« И Господ им ги отвори очите, и видоа дека се среде Самарија. Израилскиот цар, кога ги виде, го праша Јелисеја: »Да ги убијам ли, оче мој?« Но тој одговори: »Не ги убивај. Зар со сабјата своја и со лакот свој ги зароби, та да ги убиваш? Дај им леб и вода; нека јадат и пијат, и да си одат при господарот свој.« Тој им приготви голем обед, и тие јадеа и пиеја. Ги отпушти, и тие си отидоа при господарот свој. Оттогаш тие сириски ограбувачки групи не одеа веќе во Израилевата земја. Потоа сирискиот цар Адад ја собра целата војска своја, тргна и ја опседна Самарија. И настана голем град во Самарија, кога ја опседнуваа, така што една ослешка глава се продаваше за осумдесет сикли сребро, и четврт каба гулабова кал – за пет сикли сребро. Еднаш израилскиот цар одеше по ѕидот, и една жена му зборуваше со плачење: »Помогни ми, господару мој, цару.« Тој одговори: »Ако Господ не ти помогне, од каде ќе ти помогнам јас? Од гумното ли, од точилото ли?« Ја праша уште царот: »Што ти е?« А таа одговори: »Оваа жена ми рече: ‚дај го твојот син да го изедеме денес, а мојот син ќе го изедеме утре.‘ И го сваривме мојот син и го изедовме. На другиот ден јас ѝ реков: ‚дај го и ти синот свој, да го изедеме.‘ Но таа го сокри синот свој.« Царот, откако ги чу зборовите на жената, ја раскина облеката своја; и, одејќи по ѕидот, народот виде, дека тој носи на самото тело свое вреќиште. И царот рече: »Тоа и тоа да ми направи Бог и уште повеќе да додаде, ако остане денес главата на Јелисеја, Сафатовиот син, на него.« А Јелисеј седеше во домот свој, и старците седеа кај него. И испрати царот еден од своите слуги. Пред да дојде пратеникот при него, Јелисеј им рече на старците: »Гледате ли дека тој, син на убиец, испрати да ми ја земат главата? Гледајте, кога ќе дојде пратеникот, затворете ја вратата и притиснете го со вратата. А ете го и топотот на нозете на господарот негов по него!« Додека уште говореше со нив, ете пратеникот пристигна при него, и му рече на Јелисеј: »Ете какво зло од Господа! Што да чекаме во иднина од Господа?« Тогаш Јелисеј рече: »Чујте го словото Господово: Вака вели Господ: ‚утре во ова време една мера чисто брашно ќе чини една сикла, и две мери јачмен една сикла при портите на Самарија.‘« А дворјанинот, врз чија рака се потпираше царот, му одговори на Божјиот човек и рече: »Ако Господ отвореше дури и прозорци на небото, и тогаш ќе можеше ли да се случи такво нешто?« А тој рече: »Ете, со очите свои ќе го видиш тоа, но не ќе јадеш од него.« При влезот на портите имаше четворица лепрозни, и тие си говореа еден на друг: »Зашто да седиме тука, очекувајќи ја смртта? Ако сакаме да одиме во град, во градот има само глад, и таму ќе умреме; ако, пак, седиме тука, пак ќе умреме. Подобро да одиме во сирискиот логор: ако нѐ остават живи, ќе живееме; ако нѐ убијат, ќе умреме.« И станаа во самрак, за да одат во сирискиот логор. И дојдоа до крајот на сирискиот логор, и ете, таму нема ниеден човек. Зашто Господ беше направил така, што во сирискиот логор се чу топот од коли, ржење на коњи, шум од голема војска. И Сиријците си беа рекле еден на друг: »Навистина, израилскиот цар ги најмил против нас хетејските и египетските цареви, за да нѐ избркаат.« Затоа беа станале и избегале во темнината и ги оставиле шаторите свои, и коњите свои, и ослите свои – целиот логор, како што си бил, и беа избегале, за да се спасат. И лепрозните дојдоа до крајот на логорот, влегоа во еден шатор, јадеа и пиеја, и зедоа оттаму сребро, и злато, и облека, па отидоа, та ги сокрија. Влегоа и во друг шатор, и оттаму зедоа плен, па отидоа и го сокрија. И си рекоа еден на друг: »Не правиме добро. Овој ден е ден за радосна вест; ако се забавиме и чекаме да се раздени, ќе бидеме виновни. Затоа да одиме и да соопштиме во царскиот дом.« Дојдоа, ги повикаа царските вратари и им раскажаа, велејќи: »Бевме во сирискиот логор, и ете, таму нема ни човек, ни глас човечки, туку само врзани коњи, и врзани осли, а шаторите, оставени како што си се.« Вратарите извикаа и ја соопштија веста во самиот царски двор. Преку ноќта царот стана и им кажа на слугите свои: »Ќе ви кажам, што прават со нас Сиријците. Тие знаат, дека страдаме од глад, та излегле од логорот, да се сокријат во нивите, мислејќи вака: кога ќе излезат од градот, живи ќе ги фатиме и ќе навлеземе во градот.« Одговори еден од слугите негови и му рече: »Да земеме пет коњи, што сѐ уште останаа во градот, зашто од сето израилско мноштво, само тоа остана во него, од целото множество на Израилците само тоа остана што не загина, та да испратиме и да видиме.« И зедоа два впрегнати коња. И царот испрати по сириската војска, велејќи: »Одете и видете!« И одеа по нив до Јордан; а тоа, целиот пат беше посеан со облеки и други предмети, што Сиријците ги беа исфрлиле во брзото свое бегање. Се вратија пратениците и му јавија на царот. Тогаш народот излезе и го разграби сирискиот логор, и една мера чисто брашно стана за сикла, и две мери јачмен – за сикла, според словото Господово. И царот го остави при портите оној големец, врз чија рака се потпираше, и народот го притисна при портите, и тој умре, како што беше рекол Божјиот човек, што го кажа кога царот беше при него. Кога Божјиот човек му беше зборувал на царот вака: »Две мери јачмен за сикла, и една мера чисто брашно за сикла ќе биде утре во ова време пред портите на Самарија,« тогаш тој големец му одговори на Божјиот човек и рече: »Ако Господ дури и прозорци отвореше на небото, и тогаш можеше ли да биде такво нешто?« А тој му рече: »Со очите свои ќе го видиш тоа, но нема да јадеш од него.« Така и стана со него: и го изгази народот пред портите, и тој умре. И ѝ рече Јелисеј на жената, чиј син беше воскреснал: »Стани и оди, ти и твојот дом и склони се таму, каде што можеш да поживееш, зашто Господ повика глад, и тој ќе трае во оваа земја седум години.« Стана таа жена, и постапи според зборот на Божјиот човек: отиде таа и нејзиниот дом, и живееше во филистејската земја седум години. Откако изминаа седум години, се врати таа жена од Филистејската земја и дојде да го моли царот за куќата своја и нивата своја. Царот тогаш разговараше со Гиезиј, слугата на Божјиот човек, и му рече: »Раскажи ми сѐ што е позабележливо, што го извршил Јелисеј.« А во тоа време, кога тој му раскажуваше на царот, дека Јелисеј оживеал еден умрен, – жената, чиј син беше воскреснат, го молеше царот за куќата своја, и нивата своја. Тогаш Гиезиј рече: »Господару мој, цару, таа е истата жена и овој е истиот син нејзин, кого Јелисеј го оживе.« Царот ја праша жената, и таа му раскажа. И ѝ даде царот еден од царедворците и рече: »Да ѝ се врати сѐ што е нејзино и сите приходи од нивата, од оној ден, кога ја напуштила земјата, до сега.« И дојде Јелисеј во Дамаск, кога сирискиот цар Адад беше болен. Му јавија на Адада и рекоа: »Тука дојде Божјиот човек.« Тогаш царот му рече на Азаила: »Земи в рака дар и оди, пречекај го Божјиот човек и прашај го преку него Господа, велејќи: ‚ќе оздравам ли од оваа болест?‘« Азаил отиде да го пречека и заде в рака дар и сѐ што е најдобро во Дамаск, колку што можат да носат четириесет камили, па отиде и застана пред лицето негово и му рече: »Твојот син Адад, сирискиот цар, ме испрати при тебе да прашам: ‚ќе оздравам ли од оваа болест?‘« Јалисеј му одговори: »Оди и кажи му: ќе оздравиш. Меѓутоа, Господ му јави, дека тој ќе умре.« И го управи Јелисеј врз него погледот свој, а тој стоеше, додека оној се занесе; и заплака Божјиот човек. И Азаил праша: »Зошто плаче господарот мој?« А тој одговори: »Затоа што знам, какво зло ќе им направиш на Израилевите синови: тврдините нивни на оган ќе ги предадеш, момците нивни со меч ќе ги погубиш, цицалчињата нивни ќе ги избиеш и непразните жени нивни ќе ги расечеш.« И му рече Азаил: »Што е твојот слуга? Дали е куче та да може да направи така страшни работи?« Јелисеј му одговори: »Господ ми го покажа во тебе царот на Сирија.« Тој си отиде од Јелисеја и дојде при господарот свој. И тој го праша: »Што ти зборуваше Јелисеј?« Тој одговори: »Ми кажа дека ќе оздравиш.« На другиот ден, меѓутоа, Азаил ја зеде завивката, ја натопи во вода и ја стави врз лицето негово, и царот умре. И наместо него стана цар Азаил. По јудејскиот цар Јосафат, стана цар Јосафатиовиот син Јорам, цар јудејски – во петтата година на Ахавовиот син Јорам, цар израилски. Тој беше на триесет и две години, кога стана цар, и царуваше осум години во Ерусалим; и одеше по патот на израилските цареви, како што постапуваше Ахавовиот дом, бидејќи Ахавовата ќерка му беше жена и го правеше она што не беше угодно пред очите на Господа. Но, Господ не сакаше да го погуби Јуда, заради својот слуга Давида, зашто Он беше ветил да му даде светило меѓу децата негови за сите времиња. Во неговите дни Едом се измолкна од раката на Јуда и си постави цар. И отиде Јорам во Саир, и сите коли со него; стана тој во една ноќ и ги порази Идумејците, што го опколуваа, и заповедниците на колите, но народот избега во шаторите свои. И се спаси Едом од раката на Јуда до ден денес. Во исто време се измолкна и Ливна. Другото за Јорама и сѐ што извршил, е опишано во летописите на јудејските цареви. И почина Јорам при татковците свои, и беше погребан при татковците свои во Давидовиот град. А место него стана цар синот негов Охозиј. Охозиј, син на јудејскиот цар Јорама, стана цар во данаесеттата година на Ахавовиот син Јорама, израилски цар. Охозиј беше на дваесет и две години, кога стана цар, и царуваше една година во Ерусалим. А мајка му се викаше Готолија, ќерка на израилскиот цар Амвриј. Тој одеше по патот на Ахавовиот дом и го правеше она што не беше угодно пред очите на Господа, како Ахавовиот дом, зашто беше во роднинство со Ахавовиот дом. Тој отиде со Ахавовиот син Јорама во војна против сирискиот цар Азаил во Рамот Галадски, и Сиријците го ранија Јорама. И царот Јорам се врати да се лекува во Језраел од раните, што му ги нанесоа Сиријците во Рамот, кога војуваше против сирискиот цар Азаил. И Охозија, Јорамовиот син, јудјски цар, дојде да го посети Ахавовиот син Јорама во Језраел, бидејќи беше болен. Пророкот Јелисеј повика еден од пророчките синови и му рече: »Препаши се околу половината, земи го в рака овој сад со елеј, па оди во Рамот Галадски; кога ќе дојдеш таму, најди го таму Јуја, синот на Јосафата, Намесиев син, пристапи и кажи му да излезе среде браќата свои и воведи го во внатрешната соба; тогаш земи го садот со елеј, излиј го врз главата негова и кажи: вака вели Господ: ‚Те помазувам за цар над Израилот.‘ Потоа отвори ја вратата, па бегај и не чекај.« Момчето, слугата пророков, отиде во Рамот Галадски, и стигна. И ете, војводите испоседнале, а тој рече: »Имам нешто да ти кажам, војводо.« Јуј праша: »На кого од сите нас?« Тој одговори: »Тебе, војводо.« Јуј стана и влезе в куќи. И момчето го изли елејот врз главата негова и му рече: »Вака вели Господ, Бог Израилев: ‚Те помазувам за цар над народот Господов, над Израилот,‘ и ти ќе го истребиш домот на Ахава, твојот господар, за да одмаздам за крвта на Моите слуги – пророците, и за крвта на сите слуги Господови, паднати од раката на Језавела; и ќе изгине целиот дом Ахавов, и ќе го истребам во Ахава сѐ, и она што мокри до ѕид, и затворено, и изоставено во Израилот, и ќе го направам домот на Ахава како домот на Наватовиот син Јеровоама и како домот на Ахиевиот син Васа; а Језавела кучиња ќе ја изедат на Језраелското поле, и никој нема да ја погребе.« Па ја отвори вратата и избега. И отиде Јуј при слугите на господарот свој, и тие му рекоа: »Со мир ли? Зошто дојде тој безумник при тебе?« И им кажа: »Вие го знаете тој човек и што зборуваше.« И рекоа: »Не е вистина, кажи ни.« А тој рече: »Тоа и тоа ми кажа, велејќи: вака вели Господ: ‚те помазувам за цар над Израилот.‘« Тогаш тие побрзаа и секој си ја зеде облеката своја, му послаа на понискиот степеник, затрубија со труба и рекоа: »Јуј стана цар.« И стана Јуј, синот на Намесеивиот син Јосафат, против Јорама, а Јорам се наоѓаше со сите Израилци во Рамот Галадски на стража против сирискиот цар Азаил. Во тоа време царот Јорам се беше вратил да се лекува во Језраел од раните, што му ги нанесоа Сиријците, кога војуваше против сирискиот цар Азаил. И Јуј им рече: »Ако сте согласни со мене, никој нека не излегува од градот, за да оди да извести во Језраел.« Јуј се качи на коњот и тргна за Језраел, каде што лежеше Јорам, царот израилски, за да се лекува од раните, што му ги беа нанеле Сиријците во Рамот, кога војуваше против силниот и моќниот сириски цар Азаил, и каде што беше дошол јудјскиот цар Охозиј, за да го посети Јорама. На кулата во Језраел стоеше стражар, и го здогледа Јујевото мноштво, кога доаѓаше, и рече: »Многу луѓе гледам.« И Јорам му рече: »Земи коњаник, одведи го во пресрет нивни и нека праша: ‚Со мир ли доаѓате?‘« И излезе коњаникот на коњ во нивни пресрет и рече: »Вака вели царот: – со мир ли доаѓате?« И одговори Јуј: »Што ти е тебе – дали со мир доаѓам? Тргнувај по мене.« И стражарот јави и рече: »Стигна до нив, но не се враќа.« Испратија друг коњаник; тој отиде при нив и рече: »Вака вели царот: – со мир ли доаѓаш?« И рече Јуј: »Што ти е тебе – со мир ли доаѓам? Тргнувај по мене.« Стражарот пак јави и рече: »Стигна до нив, но не се враќа. А одот како да е на Намесиевиот син Јуј, зашто тој оди гордо.« Јорам рече: »Впрегнувај.« И ја впрегнаа колата негова. Излезе израилскиот цар Јорам и јудејскиот цар Охозиј, секој на коњите свои. Излегоа до го пресретнат Јуја, и се сретнаа со него во нивата на Јерзаелецот Навутеј. Кога Јорам го виде Јуја, рече: »Со мир ли, Јуј?« Тој одговори: »Каков мир при блудството на мајка ти Јазавела и при многуте нејзини магии?« Тогаш Јорам се сврте и избега, велејќи му на Охозиј: »Предавство, Охозиј!« А Јуј го оптегна со раката лакот и го удри Јорама меѓу плешките негови, и стрелата го прободе срцето негово, и тој падна во колата своја. Тогаш Јуј му рече на војводата свој Вадекар: »Земи, та фрли го во нивата на Језраелецот Навутеј, зашто сети се кога ние со тебе одевме двајцата зад татка му Ахава, и како Господ изрече врз него вакво пророштво: ‚Навистина јас ја видов вчера крвта на Навутеја и крвта на синовите негови, велеше Господ, и ќе ти се одмаздам во таа нива.‘ И така, земи, та фрли го во нивата, според словото Господово.« Јудејскиот цар Охозиј, кога го виде тоа, избега по патот кон куќата, што беше во градината. И се спушти по него Јуј и рече: »Удрете го и него во колата.« Тоа стана на ритчето Гур, близу до Јевлаам. И тој избега во Магедон, и таму умре. Слугите нагови го пренесоа во Ерусалим и го погребаа во гробницата негова, при татковците негови, во Давидовиот град. Во единаесеттата година на Ахавовиот син Јорама во Јудеја стана цар Охозиј. Јуј пристигна во Језраел. А Језавела, откако доби известување, стави црвило на лицето свое, ја накити главата своја и гледаше низ прозорецот. Кога Јуј влезе во портите, таа праша: »Ќе има ли мир за Замвриј, убиецот на господарот свој?« Тој ги крена очите кон прозорецот и праша: »Кој е со мене, кој?« И го свртија погледот кон него двајца – тројца дворски слуги. Тогаш тој им рече: »Фрлете ја!« Тие ја фрлија, и крвта ѝ се разлеа по ѕидот и по коњите, и ја изгазија. И дојде Јуј, јадеше, пиеше и рече: »Најдете ја онаа проклетица и погребете ја, бидејќи е царска ќерка.« Отидоа да ја погребаат, но од неа не најдоа ништо, туку само черепот, нозете и шаките од рацете. Се вратија и му соопштија, а тој рече: »Такво беше словото на Господа, што го изрече Он преку слугата Свој Тесвитецот Илија, велејќи: ‚Језавелиниот труп ќе го изедат кучиња на Језраелското поле. Језавелиниот труп ќе биде на Језраелското поле како ѓубре на нива, та никој не ќе може да каже: »ова е Језавела«.‘« Ахав имаше седумдесет синови во Самарија. Јуј напиша и испрати во Самарија до израилските војводи, старешини и воспитувачи на Ахавовите деца писма со ваква содржина: »Кога ќе стигне до вас ова писмо, бидејќи се при вас синовите на господарот ваш, а исто така кај вас се и колите и коњите, и утврдениот град и оружјето, – изберете го најдобриот и најдостојниот од синовите на господарот свој, поставете го на татковиот му престол и војувајте за домот на господарот свој.« Тие се уплашија многу и рекоа: »Ете, двајца цареви не устоија пред него, а како ќе устоиме ние?« Тогаш војводата на царскиот дом и градоначалникот, и старешините, и воспитувачите испратија да му кажат на Јуја: »Ние сме твои слуги и, што ќе ни кажеш, ќе направиме; никого нема да поставиме за цар; прави што ти е волја.« Тој повторно им напишта вакво писмо: »Ако сте мои и ако се покорувате на зборот мој, земете ги главите на синовите на вашиот господар и дојдете утре во ова време при мене во Језраел.« И царските синови беа седумдесет души; ги воспитуваа највидните во градот. Кога стигна до нив писмото, тие ги зедоа царските синови и ги заклаа – седумдесет души, ги ставија главите нивни во кошница и му ги испратија во Језраел. Дојде пратеникот, го извести и рече: »Ги донесовме главите на царските синови.« И тој рече: »Поставете ги во два купа при влезот на портите до утре.« Изутрината тој излезе, застана и му рече на сиот народ: »Вие не сте виновни. Еве, јас востанав против господарот свој и го убив, но сите овие кој ги уби? А сега знајте, дека нема да изостане на земјата ниедно слово Господово, што Он го изрекол за Ахавовиот дом; Господ го направи тоа, што го изрече преку Својот слуга Илија.« И Јуј ги уби сите други од домот на Ахава во Језраел, и сите големци негови, и блиски негови, и свештениците негови, така што од него не остана ниту еден. Потоа стана, тргна и дојде во Самарија. По патот, кога се наоѓаше близу до овчарскиот Ветакад, Јуј ги сретна браќата на јудејскиот цар Охозија и ги праша: »Кои сте вие?« Тие одговорија: »Ние сме браќата на Охозија, одиме да видиме, здрави ли се синовите на царот и синовите на царицата.« То тој рече: »Фатете ги живи.« Ги фатија живи и ги заклаа четириесет и две души, при кладенецот на Ветакад, и од нив не остана ниту еден. Оттаму тргна и се сретна со Рихавовиот син Јонадав, кој му доаѓаше во пресрет; го поздрави и му рече: »Расположено ли е срцето твое така, како моето срце кон твоето?« Јонадав одговори: »Да.« Тогаш му рече: »Ако е така, дај ја раката своја.« И тој ја подаде раката, и тој го качи на колата при себе. И рече: »Тргнувај со мене и гледај ја мојата ревност кон Господа.« И го наместија во колата. Кога дојде во Самарија, тој ги уби сите, што останаа од Ахава во Самарија, така што сосема го истреби, според словото на Господа, што му го беше кажал на Илија. Тогаш Јуј го собра сиот народ и рече: »Ахав малку му служеше на Ваала; Јуј ќе му служи повеќе. Затоа, свикајте ги при мене сите пророци на Ваала, сите негови служители и сите негови свештеници, – никој да не отсуствува, зашто ќе му принесам голема жртва на Ваала. А секој, што нема да дојде, нема да остана жив.« Јуј го правеше тоа со лукавство, за да ги истреби Вааловите служители. Тогаш рече Јуј: »Свикајте празничен собор за Ваала.« И прогласија собор. Тогаш Јуј испрати по сиот Израил, и дојдоа сите Ваалови служители; не остана ниеден да не дојде; и влегоа во домот на Ваала, и Вааловиот дом се исполни открај докрај. И му кажа на чуварот на одеждите: »Донеси одежди за сите Ваалови служители!« И тој им донесе одежди. Јуј влезе со Рихавовиот син Јонадав во домот Ваалов и им кажа на Вааловите служители: »Испитајте и разгледајте, дали се наоѓа некој од служителите на Господа, зашто тука треба да бидат само Вааловите служители.« И тие пристапија да принесуваат жртви сепаленици и приноси. А Јуј постави надвор од домот осумдесет души и рече: »Душата на оној, од кого што ќе се спаси некој од луѓето, што ви ги предавам во рацете, ќе биде наместо душата на оној што се спасил.« Кога жртвите сепаленици беа принесени, Јуј им рече на брзоодците и на војводите: »Одете, убијте ги, та ниеден да не излезе.« Ги убија со сечилото на мечот и ги исфрлија брзоодците и војводите, и отидоа во градот, каде што беше Вааловото светилиште, ги изнесоа идолите од Вааловото светилиште и ги изгореа; потоа го разбија Вааловиот идол, го разрушија Вааловото светилиште и го претворија во место на нечистотии, дури до денес. Така го истреби Јуј Ваала од Израилската земја. Но од гревовите на Наватовиот син Јеровоама, што го беше навел во грев Израилот, од нив Јуј не отстапи, од златните телиња, што беа во Ветил и во Дан. Тогаш Господ му рече на Јуја: »Поради тоа што доброволно го изврши она што беше праведно пред очите Мои – го исполни над Ахавовиот дом сѐ она, што Ми беше на срце, твоите синови ќе седат до четвртиот род на Израилевиот престол.« Но Јуј не сакаше да оди според законот на Господа, Бога Израилев, од сѐ срце. Тој не отстапуваше од гревовите на Јеровоама, што го беше навел во грев Израилот. Во тие денови Господ почна да откинува делови од Израилците и Азаил ги биеше по сите израилски предели: на исток од Јордан, целата земја Галад, племето Гадово, Рувимово, Манасиево, кога ќе зафатиш од Ароир, при потокот Арнон, и Галад и Васан. Другото за Јуја и за сѐ што тој го изврши, и за јуначките подвизи негови, е опишано во летописите на израилските цареви. И почина Јуј при татковците свои, и го погребаа во Самарија. А место него стана цар синот негов Јоахаз. Јуј царуваше над Израилот во Самарија дваесет и осум години. Готолија, мајката на Охозија, кога виде дека синот нејзин умре, стана и го истреби сиот царски род. Но Јосавета, ќерката на царот Јорам, сестра на Охозија, го зеде Охозиевиот син Јоаса и тајно го зеде од убиваните царски синови, го украде него и доилката негова, и го сокрија од Готолија во спалната, и тој не беше убиен. И го криеја со неа во Господовиот дом шест години, а во тоа време Готолија царуваше над земјата. На седмата година Јодај испрати и ги повика стотниците од телохранителите и брзоотците, ги доведе при себеси во домот Господов, склучи со нов договор, зеде од нив клетва во домот Господов и им го покажа царскиот син; и им даде заповед, велејќи: »Еве што ќе направите: едната третина од вас, што доаѓате во сабота, ќе стоите на стража при царскиот дом; другата третина – при Сурските порти; и третата третина – при портите зад телохранителите, и ќе стоите на стража во домот, за да не стане насилство. И два дела од вас, од сите, што одат во сабота, ќе стојат на стража при домот Господов, околу царот; и опколете го царот од сите страни, секој со оружјето свое в рака; кој и да влезе во редовите, да биде убиен; и бидете при царот, кога излегува и кога влегува.« Стотниците направија сѐ, што заповеда свештеникот Јодај; секој ги зеде луѓето свои, што доаѓаа во сабота и кои одеа во сабота, и дојдоа при свештеникот Јодаја. И свештеникот им ги раздаде на стотниците копјата и штитовите на царот Давида, што се наоѓаа во домот на Господа. И застанаа брзоодците, секој со оружје в рака, од десната страна на домот до левата страна на домот, при жртвеникот и при домот, околу царот. Тогаш Јодај го изведе царскиот син, му стави царски венец и украси, го зацарија, го помазаа, ракоплескаа и извикуваа: »Да живее царот!« Го чу Готолија гласот на растрчаниот народ и отиде при народот во домот Господов. А таму: ете, царот стои на повисоко место, според обичајот, и кнезовите и трубите до царот; сиот народ на земјата се весели, и трубат со труби. Готолија ја раскина облеката своја и извика: »Заговор, заговор!« Свештеникот Јодај им заповеда на стотниците, војводите и војската, и им рече: »Изведете ја надвор од редовите, а кој ќе тргне по неа, убивајте го со меч!« Свештеникот мислеше да не ја убијат во домот Господов. И направија место и таа мина низ коњскиот влез за царскиот двор и таму беше убиена. И склучи Јодај завет меѓу Господа, меѓу царот и народот, тие да бидат народ Господов. Тогаш сиот народ отиде во домот на Ваала, ги срушија жртвениците негови, и идолите негови сосема ги уништија, и Вааловиот жрец Матана го убија пред жртвениците. А свештеникот установи надзорништво над домот Господов. И ги зеде стотниците и телохранителите и брзоодците и сиот народ од земјата, и го придружија царот од домот Господов, и отидоа по патот низ телохранителските порти во царскиот дом; и тој седна на царскиот престол. Сиот народ на земјата се веселеше, и градот се успокои. А Готолија ја убија со меч во царскиот дом. Јоас беше на седум години, кога стана цар. Во седмата година на Јуја стана цар Јоас и царуваше во Ерусалим четириесет години. Мајка му се викаше Савија, од Вирсавија. А Јоас го вршеше она што беше угодно пред очите на Господа во сите денови додека го поучуваше свештеникот Јодај; само идолските светилишта не беа урнати; народот уште принесуваше жртви и кадеше по тие светилишта. Јоас им кажа на свештениците: »Сето посветувано сребро, што го принесуваат во домот Господов, среброто од оние што се бројат, среброто што се внесува за секоја душа според оценката, – сето сребро, колку што секому срцето му дава, да се донесе во домот Господов; свештениците нека го приберат, секој од својот познат, и нека го поправат расипаното во храмот, насекаде, каде што ќе се најде оштетено.« Но бидејќи до дваесет и третата година на царот Јоас свештениците не ги поправаа расипаните работи во храмот, царот Јоас го повика тогаш свештеникот Јодаја и свештениците и им рече: »Зошто не ги поправате расипаните работи во храмот? Отсега нема веќе да прибирате сребро од своите познати, туку ќе го оставате за поправка на храмот.« И свештениците се согласија да не прибираат веќе при себе сребро од народот за поправки во храмот. Тогаш свештеникот Јодај зеде едно ковчеже, му направи одозгора отвор и го стави до жртвеникот десно, каде што влегуваа во домот Господов. И свештениците, што стоеја на стража при вратата, го пуштаа таму сето сребро, што се внесуваше во домот Господов. И кога видоа, дека има многу сребро во ковчежето, доаѓаше царскиот писар и првосвештеникот и го врзуваа во торби и го пребројуваа среброто, што се наоѓаше во домот Господов, а преброеното сребро го предаваа во рацете на одредените при домот Господов распоредници, и тие им плаќаа на дрводелците, што работеа во домот Господов, и на ѕидарите, и на каменоделците, и за купување дрва и делкани камења, за поправки во домот Господов, и за сѐ, што се трошеше за одржување на храмот. Но за домот Господов не беа направени ни сребрени чинии, ни штипки, ни котлиња за росење, ни труби – никакви златни садови, и сребрени садови не беа направени од сребро, што се внесуваше во домот Господов, туку го предаваа на распоредниците и тие го поправаа со него домот Господов. И не бараа сметка од оние, на кои им го доверуваа среброто за раздавање на распоредниците, зашто тие постапуваа чесно. Среброто од жртвите за вина и сребро од жртвата за грев не се внесуваше во домот Господов: тоа беше за свештениците. Тогаш сирискиот цар Азаил тргна во поход, отиде да војува против Гет, и го презеде; а потоа Азаил намисли да оди против Ерусалим. Но јудејскиот цар Јоас го зеде сето жртвувано, што го беа жртвувале на храмот неговите татковци, јудејските цареви – Јосафат, Јорам и Охозиј, и што самиот го беше жртвувал, и сето злато, најдено во ризниците на домот Господов и на царскиот дом, и му го испрати на сирискиот цар Азаил; тој тогаш го напушти Ерусалим. Другото за Јоаса и за сѐ, што тој го извршил, е опишано во летописите на јудејските цареви. И се побунија слугите негови, направија заговора и го убија Јоаса во домот Мило, на патот за Сила. Го убија слугите негови: Језехар, син Јемуагов, и Језевуд, син Самиров, и тој умре, и го погребаа при татковците негови во Давидовиот град. А место него стана цар синот негов Амасиј. Во дваесет и третата година на Јоаса, синот на јудејскиот цар Охозија, стана цар над Израилот во Самарија, Јујевиот син Јоахаз, и царуваше седумнаесет години; тој го вршеше, она што не беше угодно пред очите на Господа, и одеше во гревовите на Наватовиот син Јеровоама, кој го беше навел во грев Израилот, и не отстапуваше од нив. И се разгори гневот на Господа против Израилот, и Он го предаде во раката на сирискиот цар Азаил и во раката на Азаиловиот син Адад, за сето она време. Јоахаз се помоли пред лицето на Господа, и Господ го чу, зашто ја виде неволјата на Израилците, како ги притеснуваше сирискиот цар. И Господ им даде на Израилците спасител, и тие се оттргнаа од раката на Сиријците, и живееја синовите Израилеви во шаторите свои, како вчера и завчера. Меѓутоа не отстапуваа од гревовите на домот на Јеровоама, кој го беше навел во грев Израилот; одеа по нив, а дубравата сѐ ушта стоеше во Самарија. На Јоахаза му остана војска само педесет коњаници, десет коли и десет илјади пешаци, зашто сирискиот цар ги беше истребил и претворил во прав, што се тапка. Другото за Јоахаза и за сѐ, што тој го извршил, и за неговите јуначки подвизи, е опишано во летописите на израилските цареви. И почина Јоахаз при татковците свои, и го погребаа во Самарија. А место него стана цар синот негов Јоас. Јоахазовиот син Јоас стана цар над Израилот во Самарија во триесет и седмата година на јудејскиот цар Јоас; царуваше шеснаесет години. И тој го вршеше она што не беше угодно пред очите на Господа; не отстапуваше во ниеден од гревовите на Наватовиот син Јеровоама, кој го беше навел на грев Израилот, туку одеше по нив. Другото за Јоаса и за сѐ она, што тој го изврши, и за неговите јуначки подвизи, како војувал против јудејскиот цар Амасија, е опишано во летописите на израилските цареви. И почина Јоас при татаковците свои, а на престолот негов седна Јеровоам. Јоас беше погребан во Самарија, при израилските цареви. Јелисеј се разболе од болест, од која подоцна умре. Дојде при него израилскиот цар Јоас, плачеше над него, велејќи: »Оче мој, оче мој, колата на Израилот и неговата коњица!« И му рече Јелисеј: »Земи лак и стрели.« И тој зеде лак и стрели. Тогаш му рече: »Стави ја раката на лакот.« И тој ја стави раката. Тогаш Јелисеј ги стави рацете свои врз рацете на царот и рече: »Отвори го прозорецот кон исток.« И тој го отвори. А Јелисеј рече: »Стрелај!« И тој стрелаше. Потоа Јелисеј рече: »Таа стрела за спасение е од Господа, таа е спасителната срела против Сирија, и ти ќе ги поразиш до нозе Сиријците во Афек.« И продолжи Јелисеј и рече: »Земи стрели!« И тој зеде. Пак му рече на израилскиот цар: »Удри во земјата!« И тој удри трипати и запре. И му се разгневи Божјиот човек и рече: »Требаше да удриш петпати или шестпати, тогаш ќе ги разбиеш докрај Сиријците, а сега ќе ги поразиш Сиријците само трипати.« Умре Јелисеј и го погребаа. А на другата година моавските луѓе навлегоа во земјата. И ете, кога погребуваа еден човек, оние што го погребуваа, таму ги видоа тие луѓе, го фрлија тој човек во Јелисеевиот гроб, и тој, падна, се допре до Јелисеевите коски, оживе и се исправи на нозете свои. Сирискиот цар Азаил ги мачеше Израилците во сите денови на Јоахаза. Но Господ се смили над нив и ги помилува; се сврти кон нив поради заветот Свој со Авраама, Исака и Јакова и не сакаше да ги истреби, и не ги отфрли од лицето Свое до денес. Сирискиот цар Азаил умре, и место него стана цар синот негов Адад. Јоахазовиот син Јоас ги поврати од рацете на Азаиловиот син Адад градовите, што тој ги беше презел со војна од рацете на татка му Јоахаза. Трипати го разби Јоас, и ги врати Израилевите градови. Во втората година на Јоаса, синот на израилскиот цар Јоахаз, стана цар Амасиј, син на јудејскиот цар Јоас: тој беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Јоадина, од Ерусалим. И го вршеше тој она, што беше угодно пред очите на Господа, но не така, како неговиот татко Давид; тој во сѐ постапуваше како татка си Јоаса. Само идолските светилишта не беа урнати: народот уште принесуваше жртви и кадеше по тие светилишта. Кога се зацврсти царството во рацете негови, тој ги уби слугите свои, што беа го убиле царот, татко му негов. Но децата на убијците не ги уби, зашто е напишано во книгана на Мојсеевиот закон, во која Господ заповеда, велејќи: »Татковците да не бидат казнувани со смрт поради децата, и децата не треба да бидат казнувани со смрт заради татковците, туку секој треба да се казнува со смрт за својот престап.« Тој порази десет илјади Идумејци во Солениот Дол, и го зеде градот Села со војна, и му даде име Јоктеил, кое си остана и до денес. Тогаш Амасиј испрати пратеници до Јоаса, израилскиот цар, син на Јоахаза, Јујев син, да кажат: »Излези да се видиме лице в лице!« Тогаш израилскиот цар Јоас испрати до Амасија, јудејскиот цар, да кажат: »Трнот ливански испратил при кедарот ливански да каже: ‚дај ја ќерката своја за жена на синот мој. Но минале диви ѕверови ливански и го изгазиле тој трн.‘ Ти ги порази Идумејците, и срцето твое се возгордеа. Превознесувај се и остани во домот свој. Што ти треба да предизвикуваш расправија за зло? Ќе паднеш ти и Јуда со тебе.« Но Амасиј не послуша. Тогаш Јоас, царот израилски, излезе, и се видоа лице в лице, тој и Амасиј, царот јудејски, во Ветсамис, што е во Јудеја. Јудејците беа разбиени од Израилците, и се разбегаа по шаторите свои. Израилскиот цар Јоас го фати во Ветсамис јудејскиот цар Амасија, синот на Јоаса, Охозиев син, дојде во Ерусалим и урна четиристотини лакти од ерусалимскиот ѕид – од Ефремовите порти до Агловите порти. И го зеде сето злато и сребро и сите садови, какви што се најдоа во домот Господов и во сокровиштата на царскиот дом, и заложниците, и се врати во Самарија. Другите дела на Јоаса, што тој ги изврши, и за неговите јуначки подвизи, и како тој војуваше против јудејскиот цар Амасија, се опишани во летописите на израилските цареви. И почина Јоас при татковците свои, и беше погребан во Самарија, при израилските цареви. Место него стана цар синот негов Јеровоам. Амасиј, синот Јоасов, цар јудејски, по смртта на Јоахазовиот син Јоас, цар израилски, живееше петнаесет години. Другите дела на Амасија се запишани во летописите на јудејските цареви. И направија заговор против него во Ерусалим, и тој избега во Лахис. Испратија по него во Лахис, и таму го убија. Го донесоа на коњи, и го погребаа во Ерусалим при татковците свои, во Давидовиот град. Сиот народ јудејски го зеде Азарија, кој беше на шеснаесет години, и го поставија за цар место неговиот татко Амасиј. Тој го изгради Елат и му го врати на Јуда, откако царот, татко му, почина при татковците свои. Израилскиот цар Јеровоам, син Јоасов, стана цар во Самарија во петнаесеттата година на јудејскиот цар Амасиј, Јоасов син, и царуваше четириесет и една година. И го правеше она, што не беше угодно пред очите на Господа: не отстапуваше од ниеден грев на Наватовиот син Јеровоама, кој го беше навел во грев Израилот. Тој ги установи границите на Израилот од влезот во Емат до пустињското море, според словото на Господа, Бог Израилев, што Он го беше изрекол преку слугата Свој Аматиевиот син Јона, пророк од Гетаховер, зашто Господ ја виде неволјата на Израилот, толку горчлива, што немаше ни затворен, ни слободен, што би му бил помошник на Израилот. И не сакаше Господ да го искорени името на Израилците под небото, па ги спаси преку раката на Јоасовиот син Јеровоама. Другото за Јеровоама и за сѐ, што извршил, и за неговите јуначки подвизи, како војувал и како му го вратил на Израилот Дамаск и Емат, кои беа на Јуда, е опишано во летописите на израилските цареви. И почина Јеровоам, при татковците свои, при израилските цареви. А место него стана цар синот негов Захариј. Јудејскиот цар Азариј, син Амасиев, стана цар во дваесет и седмата година на израилскиот цар Јеровоама. Тој беше на шеснаесет години кога стана цар, и педесет и две години царуваше во Ерусалим. Мајка му се викаше Јехолија, од Ерусалим. Тој го вршеше она, што беше угодно во очите на Господа, токму како што постапуваше татко му Амасиј. Само идолските светилишта не беа урнати: народот сѐ уште принесуваше жртви и кадеше по тие светилишта. Господ го порази царот, и тој беше болен од лепра до денот на смртта своја и живееше во посебен дом. А царевиот син Јотам беше управник над дворот и му судеше на народот во земјата. Другите дела на Азарија и сѐ што тој извршил, е опишано во летописите на јудејските цареви. И почина Азариј при татковицте свои, и го погребаа при татковците негови во Давидовиот град. А место него стана цар синот негов Јотам. Захариј, синот на Јеровоама, стана цар над Израилот во Самарија во триесет и осмата година на јудескиот цар Азарија и царуваше шест месеци. Тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, како што правеа татковците негови: не отстапуваше од гревовите на Наватовиот син Јеровоама, кој го беше навел во грев Израилот. Селум, синот Јависов, се побуни против него, го удри пред народот и ги уби, па стана цар место него. Другото за Захарија е опишано во летописите на израилските цареви. Такво беше словото на Господа, што Он му го беше кажал на Јуја, велејќи: »Синовите твои ќе седат на Израилскиот престол до четвртиот род.« Така и стана. Јависовиот син Селум стана цар во триесет и деветтата година на јудејскиот цар Азарија и царуваше во Самарија еден месец. Тогаш Менаим, синот на Гадија од Терса, тргна и дојде во Самарија, го уби Јависовиот син Селум во Самарија, го усмрти и стана цар место него. Другите работи на Селума и побуната негова, што тој ја изведе, опишани се во летописите на израилските цареви. Менаим го порази Терса и сите, што беа во него и во пределите негови, почнувајќи од Терса, поради тоа што градот не ги отвори портите, го разби, и сите напразни жени во него ги распори. Менаим, синот Гадиев, стана цар над Израилот во триесет и деветтата година на јудејскиот цар Азарија и царуваше десет години во Самарија; тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа; не отстапуваше од гревовите на Наватовиот син Јеровоама, кој го беше навел во грев Израилот, во текот на сите негови денови. Тогаш асирскиот цар Фул ја нападна замјата Израилева. И Менаим му даде на Фула илјада таланти сребро, за да му помогне да го зацврсти царството во своја рака. Менаим го зеде тоа сребро од Израилците, од сите богати луѓе, по педесет сикли сребро од секој човек, за да ги даде на асирскиот цар. И се врати назад асирскиот цар, и не остана таму во земјата. Другите дела на Менаима и сѐ што тој беше извршил, опишани се во летописите на израилските цареви. И почина Менаим при татковците свои. А место него стана цар синот негов Факиј. Менаимовиот син Факиј стана цар над Израилот во Самарија во педесеттата година на јудејскиот цар Азарија и царуваше две години. И тој го вршеше, она што не беше угодно пред очите на Господа; не отстапуваше од гревовите на Наватовиот син Јеровоама, што го беше навел Израилот во грев. Против него се побуни Факиј, синот на Ремалија, негов војвода, го нападна во Самарија, близу царскиот дом, со Аргов и Ариј, имајќи со себеси и педесет души галадци, го уби и стана цар место него. Другите работи на Факија и сѐ што беше извршил, опишани се во летописите на израилските цареви. Ремалиевиот син Факиј стана цар над Израилот во Самарија во педесет и втората година на јудејскиот цар Азарија и царуваше дваесет години; Тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа: не отстапуваше од гревовите на Наватовиот син Јеровоама, што го беше навел во грев Израилот. Во дните на израилскиот цар Факија дојде асирскиот цар Теглатфеласар, го презеде Јон, Аваел-Вет-Маха, Јанох, Кедес, Асор, Галад, Галилеја и целата Нафталимова земја, и ги пресели жителите нивни во Асирија. Осиј, синот Илин, се побуни против Ремалиевиот син Факија, го удри и го уби, па стана цар место него во давесеттата година на Озиевиот син Јоатам. Другите дела на Факија и сѐ што тој беше извршил, опишани се во летописите на израилските цареви. Јоатам, синот на јудејскиот цар Озија, стана цар во втората година на Рамаилевиот син Факија, цар израилски; тој беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим шеснаесет години. Мајка му се викаше Јеруса, Садокова ќерка. Само тој го вршеше она, што беше угодно пред очите на Господа: во сѐ постапуваше така, како што постапуваше таткото негов Озиј. Но идолските светилишта не беа срушени: народот сѐ уште принесуваше жртви и кадеше по тие светилишта. Тој ги изгради горните порти при домот Господов. Другите дела на Јоатама и сѐ, што тој беше извршувал, опишани се во летописите на јудејските цареви. Во тие денови Господ почна да го испраќа во Јудеја сирискиот цар Расоне и Рамалиевиот син Факија. И почина Јоатам при татковците свои, и би погребан при татковците свои во градот на таткото свој Давида. А место него стана цар синот негов Ахаз. Ахаз, синот на јудејскиот цар Јоатам, стана цар во седумнаесеттата година на Ремалиевиот син Факиј; Ахаз беше на дваесет години, кога стана цар; тој царуваше шеснаесет години во Ерусалим, и не го вршеше она, што беше угодно пред очите на Господа, својот Бог, како татка си Давида, туку одеше по патот на израилските цареви, и дури синот свој преку оган го пренесе, следејќи ги одвратните дела на народите, што Господ ги беше отстранил од пред лицето на Израилевите синови; принесуваше жртви и кадеше по идолските светилишта и по могилите и под секое сенчесто дрво. Тогаш сирискиот цар Расон и Ремаилевиот син Факиј, цар израилски, тргнаа против Ерусалим, за да го освојат и го држеа Ахаза во опсада, но не можеа да победат. во она време сирискиот цар Расон ѝ го врати на Сирија Елат и ги истера Јудејците од Елат; и Идумејците влегоа во Елат, каде што живеат и до денес. Ахаз испрати пратеници до асирскиот цар Теглатфеласар во Дамаск да кажат: »Јас сум твој роб и твој син; дојди и заштити ме од раката на сирискиот цар и од раката на израилскиот цар, кои се кренаа против мене.« Ахаз зеде сребро и злато, колку што се најде во домот Господов и во ризницата на царскиот дом, и му го испрати како дар на асирскиот цар. Асирскиот цар го послуша: и отиде асирскиот цар во Дамаск, го презеде и ги пресели жителите негови во Кир, а Расона го уби. Царот Ахаз отиде да го пречека асирскиот Теглатфеласар во Дамаск и го виде жртвеникот, што беше во Дамаск, и му го испрати царот Ахаз на свештеникот Урија ликот на жрвеникот и план на целиот жртвеник. А свештеникот Урија изгради жрвеник според образецот, што царот Ахаз му го испрати од Дамаск; тоа го направи свештеникот Уриј, пред да дојде од Дамаск царот Ахаз. Дојде царот од Дамаск, го виде жртвеникот, се доближи тој до жртвеникот и принесе на него жртва. Запали жртва своја сепаленица и лебен принос, изврши прелив и го пороси жрвеникот со крвта на мирната своја жртва. А бронзениот жрвеник, што беше пред лицето Господово, го премести од предната страна на храмот, од местото меѓу новиот жртвеник и домот Господов, и го постави отстрана на тој жртвеник кон север. И му заповеда на царот Ахаз на свештеникот Уриј и рече: »На големиот жртвеник пали ги утринските сепаленици и вечерниот лебен принос, сепаленицата од царот и лебниот принос од него, сепалениците од сите луѓе на земјата и лебиот принос од нив, и преливиот од нив, и роси го жртвникот со крвта на секоја сепаленица и со крвта на секоја жртва, а бронзениот жртвеник да остане, додека јас да размислам.« Свештенкот Уриј го изврши сето тоа, како што заповеда царот Ахаз. И ги извади царот Ахаз краиштата на подножјата, ги симна од нив мијалиниците, го симна и морето од бронзените волови, што беа под него, и го постави на каменен под. И ја крена саботната стреја што беше вградена при храмот, и надворешниот царски влез во домот Господов, заради асирскиот цар. Другите дела на Ахаз, што тој ги извршил, опишани се во летописите на јудејските цареви. И почина Ахаз при татковците свои, и беше погребан при татковците свои во Давидовиот град. А место него стана цар синот негов Језекиј. Осиј, синот на Ила, стана цар во Самарија над Израилот во дванаесеттата година на јудејскиот цар Ахаз царуваше девет години, а го вршеше она што не беше угодно пред очите на Господа, но не така, како израилските цареви, што беа пред него. Притив него се крена асирскиот цар Саламанасар, и Осиј му стана потчинет, та му даваше данок. Асирскиот цар забележа кај Осија измена, зашто тој беше испраќал пратеници при египетскиот цар Сигор и не му даваше данок на асирскиот цар секоја година; тогаш асирскиот цар го зеде под стража и го затвори во темница. И се крена асирскиот цар против целата земја, се приближи до Самарија и ја држеше во опсада три години. Во деветтата година на Осија, асирскиот цар ја презеде Самарија, ги пресели Израилците во Асирија и ги насели во Алај и во Авор, при реката Гозан, и во пределите мидијски. А тоа стана, затоа што Израилевите синови почнаа да грешат пред Господа, својот Бог, Кој ги изведе од Египетската земја, од раката на египетскиот цар – Фараона, и почнаа да почитуваат други богови, а да постапуваат според обичаите на народите, кои Господ ги беше прогнал пред лицето на Израилевите синови, и според обичаите на израилските цареви, како што тие постапуваа. А почнаа Израилевите синот да вршат работи неугодни пред Господа, својот Бог, си подигнаа идолски светилишта по сите свои градови, и тоа, почнувајќи од стражарската кула, па сѐ до утврден град. и си поставија идоли и светилишта на секој повисок рид и под секое зелено дрво, и кадеа таму по сите идолски светилишта, како народите, што ги беше прогнал од нив Господ, и правеа лоши работи, што го разгневуваа Господа, и им служеа на идолите, за кои им беше говорел Господ: »Не го правете тоа!« Тогаш Господ преку сите Свои пророци, преку секој гледач го опоменуваше Израилот и Јуда, велејќи: »Вратете се од лошите патишта и пазете ги заповедите Мои, наредбите Мои, целиот закон, што сум го заповедал на татковиците ваши, и што сум ви го предал преку слугите Мои, пророците.« Но тие не послушаа и останаа тврдоглави, какви што беа и татковците нивни, кои не веруваа во Господа, својот Бог; тие ги презера наредбите Негови и заветот Негов, што Он го беше склучил со татковците нивни, и откровенијата Негови, со кои им беше посведочил, па тргнаа по суетата – и – како што и околните народи, за кои Господ им беше заповедал да не постапуваат како нив. Тие ги оставија сите заповеди на Господа, својот Бог, си направија излеани идоли на две телиња, си направија и дубрава, и се поклонуваа на сета небесна војска, му служеа и на Ваала, ги пренесуваа преку оган синовите свои и ќерките свои, гатаа и правеа магии, и се оддадоа да вршат зло пред очите на Господа, и да Го разгневуваат. Затоа Господ силно се разгневи на Израилците и ги отфрли од лицето Свое, така што остана само едно Јудино племе. Но и Јуда не ги пазеше заповедите на Господа, својот Бог, и постапуваше според обичаите на Израилците, како што постапуваа тие. И Господ се одврати од сите потомци на Израилот, ги понизи и ги предаваше во рацете на грабителите и, најпосле, ги отфрли од лицето Свое. Израилците се беа отцепиле од Давидовиот дом и го беа зацариле Наватовиот син Јеровоама. Јеровоам ги отстрани од Господа и ги наведе на голем грев. И синовите Израилеви одеа во сите гревови на Јеровоама, какви што тој ги правеше, и не отстапуваа од нив, Додека Господ не го отфрли Израилот од лицето Свое, како што беше говорел преку сите слуги Свои, пророците. И Израилот беше преселен од земјата своја во Асирија, каде што е и до денес. Асирскиот цар преведе луѓе од Вавилон, и од Хура, и од Ава, и од Емат Сепфаруим и ги насели во самариските градови, место израилевите синови. И тие владееја во Самарија и почнаа да живеат во градовите нејзини. И бидејќи во почетокот на своето живеење тие таму не Го почитуваа Господа, тогаш Господ им испраќаше лавови, што ги давеа. Му јавија на асирскиот цар и рекоа: »Народите, што си ги преселил и населил во самариските градови, не го знаат законот на Бога од таа земја, и затоа Он им испраќа лавови, и ете, тие ги дават, зашто не го знаат законот на Бога од онаа земја.« И асирскиот цар заповеда и рече: »Испратете таму еден од свештениците, што ги иселивте оттаму; нека оди и нека живее таму, и тој ќе ги просвети во законот на Бога на онаа земја.« И дојде еден од свештениците, што беа населени од Самарија, и живееше во Ветил, и ги учеше, како да Го почитуваат Господа. Но секој народ си направи и свои богови и ги постави во идолските светилишта по ридовите, какви што си беа направиле, – секој народ во градовите свои, каде што живееше. Ваилонците го направија Сокхот – Венит, Хутците го направија Гигел, Ематците го направија Асмат, Евејците го направија Авалазер и Тартак, а Сепфаруимците ги изгорија во оган синовите свои во чест на Андрамелеха и Анамелеха, богови сепфаруимски. Меѓутоа, го почитуваа и Господа и поставија од средината своја свештеници по дубравите, и тие им служеа на идолските светилишта. Ти Го почитуваа Господа и на боговите свои им служеа според обичајот на народите, од кои ги преселија. Тие постапуваат и до денес според обичаите свои: не се плашат од Господа и не постапуваат по наредбите, ни по обичаите, ни по законот и ни по заповедите, што Господ им ги даде на синовите на Јакова, на кого му го даде името Израил. Господ склучи со нив завет и им заповеда, велејќи: »Не почитувајте други богови и не им се поклонувајте, немојте да им служите и не принесувајте им жртви, а Господ, Кој ве изведе од Египетската земја со голема сила и цврста мишка, Него почитувајте Го, Нему поклонувајте Му се и Нему принесувајте Му жртви; уредбите и наредбите, законот и заповедите, што Он ви ги напиша, трудете се да ги исполнувате преку сите дни, и не почитувајте други богови; не го заборавајте заветот, што го склучив со вас, и не плашете се од други богови; почитувајте Го само Господа, вашиот Бог, и Он ќе ве спаси од рацете на сите ваши непријатели.« Но тие не послушаа, туку постапуваа според поранешните свои обичаи. А имаше народи, што Го почитуваа Господа, но и на своите идоли им служеа. Па и децата нивни и внуците нивни до денес постапуваат така, како што постапуваа татковците нивни. Во третата година на Осија, синот на Ила, цар израилски, стана цар Језекиј, син на јудејскиот цар Ахаз. Тој беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше дваесет и девет години во Ерусалим; мајка му се викаше Авута, ќерка на Захарија. Тој го вршеше она што беше угодно пред очите на Господа, во сѐ онака како што правеше неговиот татко Давид; тој ги урна идолските светилишта, ги исече дубравите и ја скрши бронзената змија, што Мојсеј ја беше направил; зашто дури до оние дни Израилевите синови ѝ кадеа и ја нарекуваа Неестан. На Господа Бога, Бог Израилев, тој се надеваше; и како него немаше меѓу сите јудејски цареви – и по него, и пред него. Тој се приврза кон Господа, не отстапувајќи од Него и ги пазеше заповедите Негови, кои Господ му ги беше дал на Мојсеја. И Господ беше со него: насекаде, каде и да одеше, тој постапуваше благоразумно. И се одметна тој од асирскиот цар и престана да му служи. Тој ги порази Филистејците до Газа и до нејзините предели: од стражарската кула до утврдениот град. Во четвртата година на царот Језекиј, односно во седмата година на Осија, синот на Ила, цар израилски, асирскиот цар Саламанасар тргна против Самарија, ја опседна. и по три години ја презеде, – во шестата година на Језекија, односно во десеттата година на израилскиот цар Осија Самарија беше преземена. И асирскиот цар ги пресели Израилците во Асирија, и ги насели во Алај и во Авор, при реката Гозан, и во пределите мидијски, зашто тие не го послушаа гласот на Господа, својот Бог, и го прекршија заветот Негов: сѐ, што беше заповедал Мојсеј, слугата Господов, тие ниту го слушаа, ниту го исполнуваа. Во четиринаесеттата година на царот Језекиј асирскиот цар Сенахирим тргна против сите утврдени градови на Јуда и ги презеде. Тогаш јудејскиот цар Језекиј испрати до асирскиот цар во Лахис да кажат: »Виновен сум; оди си од мене; сѐ што ќе ми наложиш, ќе поднесам.« И асирскиот цар му наложи на јудејскиот цар Језекиј триста таланти сребро и триста таланти злато. И Језекиј го даде сето сребро, што се најде во домот Господов и во ризницата на царскиот дом. Тогаш Језекиј го симна златото од вратата на домот Господов и од вратните столбови, кои тој, јудејскиот цар Језекиј, ги беше позлатил, и му ги даде на асирскиот цар. И асирскиот цар го испрати Тартана, Рапсариса и Рапсака од Лахис при царот Језекија во Ерусалим со голема војска. И тргнаа и стигнаа до Ерусалим; тргнаа, стигнаа и запреа при водоводот на горното езеро, кое е на патот кон нивата на валавичарот. И го повика царот. И излезе пред нив Халикиевиот син Елијаким, управник на дворецот, и писарот Сомнас, и Асафовиот син Јоас летописец. И им рече Рапсак: »Кажете му на Језекија: вака вели големиот цар, асирскиот цар: ‚каква е тоа надеж, на која се надевате?‘ Ти зборуваш само празни зборови: за војна се потребни ум и сила. А сега на кого се надеваш, та се одметна од мене? Ете, ти мислиш да се потпреш на Египет, на таа скршена трска, која, ако некој се потпре на неа, ќе му влезе во раката и ќе му ја продупчи. Таков е Фараонот, египетскиот цар, за сите, што се надеваат на него. Ако, пак, ми кажете: ‚на Господа, нашиот Бог, се надеваме,‘ тогаш на оној ли, чии светилишта и жртвеници Језекиј ги урна, велејќи му на Јуда и на Ерусалим: само пред тој жртвеник поклонувајте се во Ерусалим? И така, склучи сојуз со мојот господар, асирскиот цар; ќе ти дадам две илјади коњи; можеш ли да најдеш за нив коњаници? Како ќе одбиеш ти еден водач од најмалите слуги на господарот мој? А се потпираш врз Египет заради коли и коњаници? Притоа, зар јас без волјата Господова сум тргнал против ова место, за да го сотрам? Господ ми рече: ‚оди против таа земја и сотри ја.‘« Тогаш му рече Хеликиевиот син Еликијам, и Сомнас, и Јоас на Рапсака: »Говори им на слугите свои по арамејски, зашто разбираме, а немој да ни говориш по јудејски да слуша народот, што е на ѕидот.« А Рапсак им рече: »Зар само до твојот господар и до тебе ме испрати господарот мој да ги кажам тие зборови? Не, а и на луѓето што седат на ѕидот, за да го јадат изметот свој и да ја пијат мочта своја заедно со вас.« И стана Рапсак, извика со силен глас по јудејски и зборуваше, велејќи: »Чујте ги зборовите на големиот цар, на асирскиот цар! Вака вели царот: ‚нека не ве мами Језекиј, зашто тој не може да ве спаси од мојата рака; и нека не ве обнадежува Језекиј со Господа, велејќи: »Господ ќе нѐ спаси, и нема да биде предаден овој гред во раката на асирскиот цар!«‘ Не го слушајте Језекија, зашто вака вели асирскиот цар: ‚Примирете се со мене и дојдете при мене, и секој нека ги јаде плодовите на лозјето свое и на смоквата своја, и секој нека пие вода од својот кладенец, додека да дојдам и да ве одведам во исто таква земја, како вашата земја, во земја со леб и вино, во земја со плодови и лозја, во земја со маслинови дрвја и мед, и ќе живеете, и нема да умрете. Затоа не слушајте го Језекија, кој ве мами и вели: – »Господ ќе ни спаси.« Ги спасија ли боговите народите, секој земјата своја, од раката на асирскиот цар? Каде се боговите на Емат и Арфад? Каде се боговите на Сепфаруим, Ана и Ава? Ја спасија ли тие Самарија од раката моја? Кој од сите богови на тие земји ја избави земјата своја од мојата рака? Та зар Господ ќе го спаси Ерусалим од раката моја?‘« Народот молчеше и не му одговараше ни збор, зашто царот беше заповедал: »Не му одговарајте!« И дојде Хеликиевиот син Елијаким, управник на дворецот, и Сомнас, писарот, и Асафовиот син Јоас, летописецот при Језекија со раскината облека и му ги пренесоа Рапсаковите зборови. Кога го чу тоа царот Језекиј, ја раскина облеката своја, се покри со вреќиште и отиде во домот Господов. И го испрати Елијакима, управникот на дворецот, писарот Сомнас и постарите свештеници, покриени со вреќишта, при Амосовиот син, пророкот Исаија. Тие му рекоа: »Вака вели Језекиј: ‚ова е ден за жалост, за казна и за срам; зашто младенчињата пристигнаа, но родилна сила нема. Секако Гопспод, Бог твој, ќе ги чуе сите зборови на Рапсака, кога господарот негов, асирскиот цар, го испрати да го наведува живиот Бог и да го обесчести со зборови, какви што чу Господ, Бог твој. Затоа упати и помоли се за другите, кои се сѐ уште живи.‘« Слугите на царот Језекија отидоа при Исаија. А Исаија им рече: »Вака кажете му на вашиот господар: Така вели Господ: ‚Не прали се од зборовите, што ги чу, и со кои Ме навредуваа слугите на асирскиот цар.‘ Ете, Јас ќе испратам во него дух, и тој ќе чуе известување, и ќе се врати во земјата своја, и Јас ќе го поразам со меч во неговата земја.« Се врати Рапсак и го најде асирскиот цар, како војува против Ливна, зашто беше чул, дека тој тргнал од Лахис. Чу царот и за етиопскиот цар Тарак, за кого му рекоа: »Ете, тој излезе да се судри со тебе.« И пак испрати пратеници при Језекија да кажат: »Вака кажете му на јудејскиот цар Језекија: ‚нека не те лаже твојот Бог, на Кого се надеваш, мислејќи дека Ерусалим нема да биде предаден во раката на асирскиот цар.‘ Зар не си чул, што направија асирските цареви со сите земји, уништувајќи ги наполно, – та ти ли ќе се избавиш? Боговите на овие народи, што ги сотреа татковците мои, ги спасија ли? Го спасија ли Гозан, и Харан, и Фарес и синовите на Еден, кој е во Таласар? Каде е царот Ематски, и царот Арфадски, и царот на градот Сепфариум, на Ана и на Ава?« Тогаш Језекиј го зеде писмото од рацете на пратениците, го прочита, отиде во домот Господов, и го објави Језекија пред лицето Господово; и се молеше Језекиј пред лицето Господово и велеше: »Господи, Боже Израилев, Кој седиш на херувими! Ти си еденствен Бог на сите земни царства. Ти го создаде небото и земјата. Наклони го, Господи, увото Свое и чуј ме; отвори ги, Господи, очите Свои и погледни, и чуј ги зборовите на Сенахирима, кој испратил да Те навредуваат Тебе, живиот Бог! Навистина, о Господи, царевите асирски ги сотреа народите и земјите нивни, и ги нафрлаа боговите нивни во оган, но тоа не беа богови, туку изработки на човечки раце, – дрво и камен, затоа и ги истребија. И сега, Господи Боже наш, спаси ни од рацете негови, и сите земни царства ќе познаат дека Ти, Господи, си единствен Бог.« Тогаш Исаија, синот Амосов, испрати да му кажат на Језекија: »Вака вели Господ, Бог Израилев: ‚го чув ова за кое ти Ми се молеше против асирскиот цар Сенахирим.‘ Еве го словото, што Господ го изрече за него: ќе те презре, ќе ти се потсмевне девствената Сионова ќерка, по тебе ќе ја заниша главата ќерката Ерусалимска. Кого Го прекоруваше и навредуваше ти? И против Кого крена глас и толку високо го крена очите? Против Светецот Израилев? Преку твоите пратеници ти Го навредуваше Господа и велеше: – со многу коли се качив на горските височини, по ридовите на Ливан, ги исеков високите кедри негови и прекрасните кипариси негови и стигнав до најкрајното пристаниште негово, во гасталакот на градината негова; ископав и пиев туѓа вода, и ги пресушив со стапалата на нозете свои сите египетски реки. Зар не си чул, дека Јас одамна сум го направил тоа, во старедревни дни сум го преднацртал, а сега го исполнив преку тоа, што ти опустошуваш утврдени градови, претворувајќи ги во купишта урнатини? и жителите нивни изнемоштеа, треперат и се срамуваат. Тие станаа како полска трева и кревка билка, како трева по покривите, препламната пред да узрее. Кога седнуваш, кога излегуваш, или влегуваш, Јас си знам; ја знам и дрскоста твоја против Мене. Твојот гнев против Мене и твојата дрскост достигна до Моите уши, па затоа ќе ја ставам алката Своја во твоите ноздри и уздата Своја во твојата уста, и ќе те вратам назад по истиот пат, по кои си дошол. И, еве ти знак: јадете го оваа година никнато од паднатото зрно, до година – самоникнатото, а во третата година сејте и жнејте, садете лозја и јадете ги нивните плодови. И спасението во Јудиниот дом, пак ќе пушти корен одоздола и ќе даде плод озгора, зашто од Ерусалом ќе произлезе остатокот, и спасеното – од гората Сион. Ревноста на Господа Саваот ќе го направи тоа. Затоа вака говори Господ за асирскиот цар: тој нема да влезе во овој град, нема да фрли во него стрела, нема да пристапи со штит кон него и нема да ископа опкоп околу него. По истиот пат, по кој дошол, ќе се врати, и нема да влезе во тој град, вели Господ. Јас ќе го пазам тој град, за да го запазам за Себеси и за Мојојт слуга Давида.« И се случи во таа ноќ: ангел Господов отиде и во асирскиот логор порази сто и осумдесет и пет илјади. Изутрината кога станаа, а тоа сѐ мртви тела. Тргна, отиде и се врати асирскиот цар Сенахирим, и живееше во Ниневија. И кога се клањаше во домот на Месераха, својот бог, го убија со меч синовите негови Адрамелех и Сарсар, а самите избегаа во Араратската земја. И место него стана цар синот негов Асардан. Во тие дни се разболе Језекиј на смрт; и дојде при него Амосовиот син, пророкот Исаија и му рече: »Вака вели Господ: ‚среди ги работите за домот свој, зашто ќе умреш, нема да оздравиш.‘« Се сврти Језекиј со лицето кон ѕидот и Му се помоли на Господа, велејќи: »О Господи, спомни си, дека јас одев пред лицето Твое верно и со предано на Тебе срце, и го вршев она, што беше угодно пред очите Твои.« И заплака Језекиј силно. Исаија уште не беше излегол од средниот двор, и би словото Господово кон него: »Врати се и кажи му на Језекија, владетелот на Мојот народ: вака вели Господ, Бог на твојот татко Давида – Ја чув молитвата твоја, ги видов солзите твои. Јас ќе те излекувам; на третиот ден ќе отидеш во домот Господов; и ќе додадам кон деновите твои петнаесет години, и ќе те спасам од рацете на асирскиот цар тебе и твојот град, и ќе го заштитам тој град заради Себеси и заради Мојот слуга Давида.« Тогаш рече Исаија: »Земете суви смокви.« И зедоа, и ги наложија на чирот; и тој оздраве. Језекиј му рече на Исаија: »Каков е знакот, дека Господ ќе ме излекува и дека на третиот ден ќе одам во домот Господов?« Исаија одговори: »Еве ти знак од Господа, дека Господ ќе го исполни словото, што го кажал – сакаш ли напред да оди сенката десет степени или десет степени назад?« И рече Језекиј: »Лесно е да се помести сенката десет степени напред; не, нека се врати сенката десет степени назад.« Повика пророкот Исаија кон Господа, и Он ја врати сенката назад десет степени според Ахазовите степени, по кои се спушташе. Во тоа време вавилонскиот цар Мародах Валадан, син на Валадана, му испрати писмо и подароци на Језекија, зашто беше чул, дека Јазекиј бил болен. Језекиј, откако ги слушна пратениците, им ги покажа ризниците свои, среброто и златото, и ароматите, и скапоцените масла, и целата своја оружарница и сѐ што се наоѓаше во скровиштата негови; и не остана ништо, што да не им го покажа Језекиј во домот свој и во целото свое владение. Пророкот Исаија дојде при царот Језекија и го праша: »Што кажаа тие луѓе, и од каде дојдоа при тебе?« Језекиј одговори: »Од далечна земја дојдоа тие, од Вавилон.« Исаија пак праша: »Што видоа тие во домот твој?« Језекиј одговори: »Видоа сѐ што е во мојот дом; не остана ништо, што да ни им го покажав во ризниците свои.« Тогаш Исаија му рече на Језекија: »Чуј го словото Господово: ,Еве, ќе дојдат дни, и си што е во твојот дом, и што го собрале татковците твои до денес, ќе биде однесено во Вавилон; ништо нема да остане – вели Господ. Ќе земат од синовите твои, што ќе произлезе од тебе, што ќе ги родиш, и тие ќе ти бидат слуги во дворецот на вавилонскиот цар.« А Језекиј му рече на Исаија: »Добро е словото Господово, што ти го изрече.« И продолжи: »Да биде мир и доброчестивост во моите дни!« Другата работа за Језекија, за сите негови подвизи, дека направи езера и водовод и спроведе вода во градот, опишано е во летописите на јудејските цареви. И почина Језекиј при татковците свои, а место него стана цар синот негов Манасиј. Манасиј беше на дванаесет години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим педесет години; мајка му се викаше Офовија. Но тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, подражавајќи ги лошите работи на оние народи, кои Господ ги беше изгонил од пред лицето на Израилевите синови. Тој одново ги подигна идолските светилишта, кои татко му Језекиј ги беше уништил, му подигна жртвеници на Ваала и направи дубрава, како што направи израилскиот цар Ахав; и се клањаше на сета небесна војска и ѝ служеше; а изгради жртвеници и во домот Господов, за кого Господ беше рекол: »Во Ерусалим ќе го поставам името Свое.« Тој изгради и жртвеници за сета небеска војска во двата двора на домот Господов; го пренесе преку оган синот свој, гаташе и врачаше; си набави извикувачи на мртви и маѓесници и изврши многу неугодни работи пред очите на Господа, за да Го разгневи. Направи и статуа на Астарта и ја постави во домот, за кој Господ му беше говорел на Давида и на синот негов Соломона; во овој дом и во Ерусалим, што Јас го избрав меѓу синовите Израилеви племиња, го ставам името Свое за секогаш: и во иднина нема да ја оставам ногата на Израилот да излезе од земјата, што сум им ја дал на татковците нивни, само ако тие се потрудат да постапуваат според сѐ она, што сум заповедал, и според целиот закон, што им го даде Мојот слуга Мојсеј. Но тие не послушаа; и Манасиј ги разврати дотаму, што тие постапуваа полошо и од оние народи, кои Господ ги беше истребил пред лицето на Израилевите синови. И говореше Господ преку Своите слуги – пророците, и рече: »Поради тоа што јудејскиот цар Манасиј ги изврши тие лоши дела, полоши од сѐ она, што го вршеа Аморејците, кои беа пред него, и го наведе Јуда во грев со своите идоли, затоа Господ вели вака: Еве, врз Ерусалим и врз Јуда ќе испратам такво зло, што, кој ќе чуе за него, ќе му писнат и двете уши; и ќе го оптегнам над Ерусалим јажето мерник на Самарија и мерката на Ахавовиот дом, и ќе го избришам Ерусалим така, како што се брише сад, – го бришат и го затвораат; ќе го оставам остатокот од Моето населедство и ќе ги предадам во рацете на непријателите нивни, и тие ќе бидат разграбгени и пленети од сите свои напријатели, поради тоа што го вршеа она, што беше неугодно пред очите Мои и Ме разгневуваа од оној ден, во кој татковиците нивни излегоа од Египет, дури до денес.« А при тоа Манасиј пролеа мошне многу невина крв, та го наполни со неа Ерусалим открај докрај, освен својот грев со што го вовлече Јуда во грев, да не врши угодни дела пред очите на Господа. Другото за Манасија и за сѐ што тој го извршил, и за гревовите негови, со кои згрешил, е опишано во летописите на јудејските цареви. И почина Манасиј при татковиците свои, и беше погребан во градината при домот негов, во градината на Ози. А место него стана цар синот негов Амон. Амон беше на дваесет и две години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим две години; мајка му се викаше Месолемет, ќерка Арусова, од Јетва. И тој го вршеше, она што не беше угодно пред очите на Господа, така, како што го правеше тоа татко му Манасиј; одеше токму по истиот пат, по кој одеше татко му; им служеше на идолите, на кои им служеше татко му, и им се клањаше. Тој Го остави Господа, Бога на татковците свои, и не одеше по патот Господов. Амоновите слуги се побунија против него и го убија царот во домот негов. Но народот на земјата ги уби сите заговореници против царот Амона; и народот на земјата го постави за цар место него синот негов Јосиј. Другите дела на Амона што ги извршил тој, е опишано во летописите на јудејските цареви. И го погребаа во гробницата негова, во градината на Ози. А место него стана цар син му Јосиј. Јосиј беше на осум години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим триесет и една година; мајка му се викаше Једида, ќерка Едеева, од Васурот. Тој го вршеше она што беше угодно пред очите на Господа, во сѐ одеше по патот на татка си Давида и не се отколнуваше ни десно, ни лево. Кога беше на осумнаесет години, царот Јосиј го испрати писарот Сафан, син на Езелија, Месоламов син, во домот на Господа, велејќи: »Оди при првосвештеникот Хелкија, нека го преброи среброто, донесено во домот на Господа, што го собраа од народот вратарите, и нека го дадат во рацете на распоредниците, поставени при храмот Господов, а тие да го потрошат за работниците во домот Господов за поправка на штетите во домот: на дрводелците, на каменарите, на ѕидарите и за купување дрва и делкани камења за поправка на домот; но да не се бара од нив сметка за среброто, предадено во рацете нивни, бидејќи тие постапуваат чесно.« И му кажа првосвештеникот Хелкиј на писарот Сафан: »Јас ја најдов во домот Господов книгата на законот.« И Хелкиј му ја подаде книгата на Сафана, и тој ја читаше. Дојде писарот Сафан при царот и му донесе на царот одговор, велејќи: »Твоите слуги го зедоа среброто, најдено во домот, и го предадоа во рацете на распоредниците, поставени при домот Господов.« Писарот Сафан му соопшти уште на царот и рече: »Една книга ми даде свештеникот Хелкиј.« И Сафан ја читаше пред царот. Кога царот ги чу зборовите од книгана на законот, ја раскина облеката своја. Тогаш царот заповеда на свештеникот Хелкиј, на Ахикама, Сафанов син, на Ахвора, Михеев син, на писарот Сафан и на царскиот слуга Асаиј, велејќи: »Одете, прашајте Го Господа за мене, за народот и за цела Јудеја во врска со зборовите на таа најдена книга, зашто голем е гневот Господов, што се разгорел против нас, поради тоа што нашите татковци не ги послушаа зборовите на таа книга, за да постапуваат според она што ни е заповедано во неа.« И отиде свештеникот Хелкиј со Ахикама, Ахвора, Сафана и Асаија при пророчицата Олдама, жена на одеждочуварот Салум, син на Текуја, Арасов син, – а таа живееше во Ерусалим, во вториот дел, – и зборуваа со неа. А таа им рече: »Вака вели Господ, Бог Израилев: кажете му на човекот, што ве испрати при мене: вака вели Господ: ќе испратам зло во тоа место и врз жителите негови – сите зборови од книгата, што ги прочита јудејскиот цар. Поради тоа што ме оставија и кадат да други богови, за да ме предизвикуваат со сите работи на рацете свои, се разгневи гневот Мој против тоа место, и нема да угасне. А на јудејскиот цар, што ве испратил да Го прашате Господа, кажете му: – вака вели Господ, Бог Израилев, за зборовите што ги чу: поради тоа што смекна срцете твое, и ти се смири пред Господа, откако го чу ова, што Јас го изреков против тоа место и против жителите негови, дека тие ќе бидат за ужас и проклетство, и ти ја раскина облеката своја и плачеше пред Мене, Јас те чув – вели Господ. Поради тоа, еве, Јас ќе те приберам при татковците твои, и ќе бидеш ставен во гробницата своја во мир, и твоите очи нема да ги видат сите тие зла, што ќе ги испратам во тоа место.« И му донесоа на царот одговор. Тогаш царот испрати, та се собраа при него сите старешини на Јуда и на Ерусалим. И отиде царот во домот Господов, и со него сите Јудејци и сите ерусалимски жители, и свештениците, и пророците, и сиот народ, од мал до голем, и им ги прочита гласно сите збовори од книгата, која се најде во домот Господов. Потоа царот застана на високо место и пред лицето Господово се заветува – дека ќе Го следи Господа и дека ќе ги чува заветите Негови, откровенијата негови и наредбите Негови, од сѐ срце и душа, за да ги исполнува зборовите на тој завет, напишани во таа книга, И сиот народ се заветува. Тогаш царот му заповеда на првосвештеникот Хелкиј и на другите свештеници и на вратарите да ги извесат од храмот Господов сите работи направени за Ваала и за Астарта и за сета небеска војска, и ги изгори надвор од Ерусалим, во Кедронскиот дол, и заповеда да ја пренесат пепелта нивна во Ветил. И ги отстрани многубожечките жреци, што ги беа поставиле јудеските цареви да вршат кадење по идолските светилишта во јудејските градови и во околината на Ерусалим, и оние, што му кадеа на Ваала, на сонцето, на месечината, на планетите и на сета небеска војска. И ја изнесе тој Астарта од домот Господов надвор од Ерусалим, при потокот Кедрон, и ја изгоре при потокот Кедрон, ја претвори во пепел и ја фрли пепелта нејзина во општонародните гробишта; и ги разурна блудничките домови, што беа при храмот Господов, каде што жени шиеја облека за Астарта; и ги изведе сите жреци од јудејските градови, ги оскверни идолските светилишта, по кои жреците вршеа кадења, од Гава до Вирсавија, и ги разурна светилиштата пред портите – оние при влезот кон портите на Исуса градоначалникот, и оние одлево при градските порти. Жреците на идолските светилишта, меѓутоа, не принесуваа жртви врз жртвеникот Господов во Ерусалим туку јадеа безквасници заедно со браќата свои. Тој го оскверни и Тофет, што е во долот на Еномовите синови, та никој да не го пренесува синот свој и ќерката своја преку оган во чест на Молоха; и ги урна коњите, кои јудејските цареви ги ставаа во чест на сонцето пред влезот во домот Господов, близу до собите на дворјанинот Нетан – Мелех, во Фарурим, а колесниците на сонцето ги изгоре со оган. И жртвениците врз покривот на Ахазовата горна соба, што ги направија јудејските цареви, и жртвениците, кои Манасиј ги беше направил во двата двора на домот Господов, царот ги собори и ги растури оттаму, и правот нивни го фрли во потокот Кедрон. И идолските светилишта пред Ерусалим, десно од Маслиновата Гора, кои Соломон, царот Израилев, ѝ го беше изградил на Астарта, гад сидонски, и на хамос, гад моавски, и на Молох, гад амонитски, царот ги оскверни; и ги искрши идолите, и ги исече дубравите, и го наполни местото нивно со човечки коски. Исто така и жртвеникот, што беше во Ветил, и идолското светилиште, изградено од Наватовиот син Јеровоам, кој беше го навел Израилот во грев, – и жртвеникот и светилиштето ги разурна, и ги изгоре, ги претвори во прав, ја изгоре и дубравата. Јосиј погледна и ги виде гробиштата, што беа таму на гората, па испрати и ги зеде коските од гробовите, ги изгоре врз жртвеникот и го оскверни, според словото Господово, што го навести човекот Божји, кој ги беше претскажал тие настани, кога Јероваоам стоеше на празникот пред жртвеникот. Потоа се сврте и го виде гробот на Божјиот човек, што ги беше претскажал тие настани, и Јосиј праша: »Каков е тој споменик, што го гледам?« Му одговорија градските жители: »Тоа е гробот на Божјиот човек, кој дојде од Јудеја и го навести ова, што ти го правиш сега над Ветилскиот жртвеник.« Тогаш тој рече: »Оставете го на мира, никој да не ги обеспокојува коските негови.« И ги зачува коските негови заедно со коските на пророкот, што беше дошол од Самарија. И сите идолски светилишта во самариските градови, кои израилските цареви ги беа изградиле, разгневувајќи Го Господа, Јосиј ги разруши и направи со нив исто, како што направи во Ветил; ги закла сите жреци при светилиштата, што беа таму, при жртвениците, и изгоре врз нив човечки коски, па се врати во Ерусалим. Тогаш царот му заповеда на сиот народ и рече: »Празнувајте Му Пасха на Господа, вашиот Бог, како што е напишано во таа книга на заветот.« Зашто таква Пасха не беше празнувана од дните на судиите, кои му судеа на Израилот, и во сите дни на израилските цареви, и на јудејските цареви; а таа Пасха на Господа беше празнувана во Ерусалим во осумнаесеттата година на царот Јосија. Јосиј исто така ги истреби и повикувачите на мртви, и маѓепсниците, и вражалците, и идолите, и сите гадови, што се сретнуваа во Јудејската земја и во Ерусалим, за да ги исполни зборовите на законот, напишан во книгата, што свештеникот Хелкиј ја најде во домот Господов. Сличен на него немало цар пред него, кој се свртел кон Господа со сето свое срце, и со сета душа своја, и со сите свои сили, според целиот закон Мојсеев; и по него не се издигна сличен на него. Но Господ не ја одложи големата јарост на гневот Свој, со која гневот Негов Му се разгори против Јуда за сите навреди, со кои Манасиј Го беше разгневил. И Господ рече: »И Јуда ќе го отфрлам од лицето Свое, како што го отфрлив Израилот, и ќе го отфрлам тој град Ерусалим, што го избрав, и домот, за кој бев рекол: ‚Таму ќе биде името Мое.‘« Другите работи за Јосија и за сѐ што беше извршил тој, е опишано во летописите на јудејските цареви. Во неговите дни египетскиот цар, Фараонот Нехаон, тргна против асирскиот цар на реката Еуфрат. Царот Јосиј му излезе во пресрет, а оној штом го виде го уби во Мегидон, штом го виде. Слугите негови го кренаа мртов од Мегидон, го пренесоа во Ерусалим и го погребаа во гробницата негова, И народот на земјата го зеде Јосиевиот син Јоахаз, го помазаа и го прогласија за цар место татко му негов. Јоахаз беше на дваесет и три години, кога стана цар, и царуваше три месеци во Ерусалим; мајка му се викаше Хамутал, ќерка на Јеремија, од Ливна. Тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, во сѐ онака, како што правеа татковците негови. Фараонот Нехаон го задржа во Ривла, во Ематската земја, за да не царува во Ерусалим, и наложи глоба на земјата сто таланти сребро и сто таланти злато. И Фараонот Нехаон го направи цар Јосиевиот син Елијаким, место татко му Јосија, и му го промени името на Јоаким, а Јоахаз го зеде и го одведе во Египет, каде што и умре. Јоаким му даваше на Фараонот сребро и злато; тој ја оцени земјата, за да го внесува среброто по заповед на фараонот; тој бараше од секого од народот на земјата, според оценката негова, сребро и злато, за да му дава на фараонот Нехаон. Јоаким беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше единаесет години во Ерусалим; мајка му се викаше Јелдаф, ќерка на Фадаила, од Рума. И тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, во сѐ онака, како што го правеа татковците негови. Во неговите дни се крена вавилонскиот цар Навуходоносор; и Јоаким му стана потчинет за три години, но подоцна се одметна од него. И Господ испрати против него мноштво Халдејци, и многу Сиријци, и многу Моавци, и многу Амонити, – ги испрати против Јуда, за да го погуби, според словото на Господа, што го беше изрекол преку Своите слуги – пророците. Тоа стана со Јуда по заповед на Господа, за да го отфрли од лицето Свое за гревовите на Манасија, за сѐ она, што тој го беше извршил; и за невината крв, што ја пролеа, исполнувајќи го Ерусалим со невина крв, Господ не сакаше да прости. Другите работи на Јоакима и за сѐ она што тој го беше извршил, опишано е во летописите на јудејските цареви. И почина Јоаким при татковците свои, а место него стана цар синот негов Јехониј. Египетскиот цар веќе не излегуваше од земјата своја, зашто вавилонскиот цар беше презел сѐ, од Египетскиот поток до реката Ефрат, што му припаѓаше на египетскиот цар. Јехониј беше на осумнаесет години кога стана цар, и царуваше три месеци во Ерусалим; мајка му се викаше Ниста, ќерка на Елнатана, од Ерусалим. И тој го правеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, во сѐ онака, како што вршеше татко му. Во она време слугите на вавилонскиот цар Навуходоносор настапија кон Ерусалим, и градот беше опколен. Вавилонскиот цар Навуходоносор дојде до градот, што слугите негови го опседнаа. Тогаш јудејскиот цар Јехониј отиде при вавилонскиот цар, тој, и мајка му, и слугите негови, кнезовите негови, и дворјаните негови, – и го зароби вавилонскиот цар во осмата година од царувањето свое, и ги изнесе оттаму сите ризници на домот Господов и ризниците на царскиот дом; и ги здроби, како што беше рекол Господ, сите златни садови, кои Соломон, царот Израилев, ги беше направил за храмот Господов; и го исели целиот Ерусалим, и сите кнезови, и сета храбра војска, – беа преселени десет илјади, – и сите дрводелци и ковачи; никој не остана, освен сиромасите на таа земја. Тој го пресели Јехонија во Вавилон; исто така и мајка му на царот, и жените на царот, и големците негови, и големците на земјата ги одведе од Ерусалим за да ги насели во Вавилон. И сета војска, на број седум илјади, и уметници и градежници илјада, сите јунаци, способни за војна, ги одведе вавилонскиот цар за да ги насели во Вавилон. И вавилонскиот цар го направи цар Матанија, стрикото на Јехонија, место него, и му го промени името во Седекиј. Седекиј беше на дваесет и една година, кога стана цар, и царуваше единаесет години во Ерусалим; мајка му се викаше Амитал, ќерка на Јеремија, од Ливна. И тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, во сѐ онака како што го правеше тоа Јоаким. Гневот на Господа над Ерусалим и над Јуда беше толку голем, што Он ги отфрли од лицето Свое. И Седекиј се одметна од вавилонскиот цар. Во деветтата година од царувањето свое, во десеттиот месец, на десеттиот ден од месецот, вавилонскиот цар Навуходоносор дојде со сета своја војска пред Ерусалим, го опседна и направи околу него опкоп. И градот стоеше во опсада до единаесеттата година од владеењето на царот Седекиј. На деветтиот ден од месецот гладот се засили во градот, и народот на земјата немаше леб. Градот беше преземен, и сите воени лица избегаа ноќе по патот кон портите, меѓу двата ѕида, што се до царската градина; а Халдцејците стоеја околу градот, и царот отиде по патот кон рамнината. Халдејската војска се спушти по царот и го стигна во Јерихонските рамнини, и сета војска негова се разбега од него. Тогаш го фатија царот, го одведоа при вавилонскиот цар во Ривла и извршија над него суд; синовите на Седекија ги заклаа пред очите негови, а на Седекија му ги избодоа очите, го оковаа во окови и го одведоа во Вавилон. На петтиот месец, на седмиот ден од месецот, односно во деветнаесеттата година од владеењето на вавилонскиот цар Навуходоносор, дојде Навузардан, заповедник на телохранителите, слуга на вавилонскиот цар, во Ерусалим и го изгоре домот Господов и царскиот дом, и сите куќи во Ерусалим, и сите големи куќи ги изгоре со оган; и ѕидовите околу Ерусалим беа урнати од халдејската војска, што беше со заповедникот на телохранителите. А другиот народ, што беше останал во градот, и одметниците, кои му се предале на вавилонскиот цар, а и другиот прост народ ги исели Навузардан, заповедникот на телохранителите. Само малкумина од сиромасите на оваа земја заповедникот на телохранителите ги остави за работници во лозјата и за земјоделци. И бронзените столбови во домот Господов, и подножјата, и бронзеното море во домот Господов Халдејците го испокршија и ја однесоа бронзата нивна во Вавилон; и котлите, и лопатките, и штипките, и лажиците, и сите бакарни садови, што се употребуваа во службата, ги кренаа; и кадилниците, и садовите, – сѐ што имаше златно, и сѐ што имаше сребрено, го зеде заповедникот на телохранителите; столбови два, море едно, и подножјата што Соломон ги беше направил во домот Господов, – бронзата во сите тие работи немаше мерка. Едниот столб беше висок осумнаесет лакти, главата му беше од бронза, а висината на главата – три лакти, и мрежата на наровите околу главата – сето тоа беше од бронза. Тоа исто го имаше и другиот столб со мрежата. Заповедникот на телохранителите го зеде првосвештеникот Сераија, вториот свештеник Софанија и тројцата вратари. Од градот тој зеде еден дворски човек, кој беше заповедник на воените лица, и петте души, што стоеја пред царското лице и се наоѓаа во градот, и главниот писар на војската, што го запишуваше во војската народот на земјата, и шеесет души од народот на земјата, кои се наоѓаа во градот. Ги зеде Навузардан, началникот на телохранителите, и ги одведе при вавилонскиот цар во Ривла. И вавилонскиот цар ги порази и ги погуби во Ривла, во земјата Емат. И Јудејците беа иселени од земјата своја. А над народот, оставен во Јудејската земја, вавилонскиот цар Навуходоносор го постави за управник Годолија, синот на Ахикама, Сафанов син. Кога сите војводи, тие и луѓето нивни, слушнаа дека вавилонскиот цар го поставил за управник Годолија, дојдоа при Годолија во Масифа, односно Исмаил, синот на Натанија, Јоанан, синот Каритов, Сараја, синот Танаметов од Нето, Фатит и Језаниј, син Магатетов, тие и луѓето нивни. И им се заколна Годолија ним и на луѓето нивни и им рече: »Не плашете се што ќе бидете потчинети на Халдејците; населувајте се во земјата, служете му на вавилонскиот цар и ќе ви биде добро.« Но во седмиот месец дојде Исмаил, синот на Натанија, Елисамов син, од царски род, со десет души, го порази Годолија, и тој умре, а и Јудејците, и Халдејците, што беа во Масифа. Тогаш се крена сиот народ, од мало до големо, и војводите, па отидоа во Египет, зашто се плашеа од Халдејците. Во триесет и седмата година од преселувањето на јудејскиот цар Јехонија, во дванаесеттиот месец, на дваесет и седмиот ден од месецот, вавилонскиот цар Евилмародах, во годината на царувањето свое, го изведе од затвор јудејскиот цар Јехонија, говореше со него пријателски и го постави престолот негов погоре од престолот на царевите, што беа пред него во Вавилон; и му ја смени затворската облека негова; и секогаш Јехонија јадеше со него, во сите дни на животот свој. За постојана издржка, му се даваше на царот, секој ден, во сите дни на животот негов. Адам, Сит, Енос, Каинан, Малелеил, Јаред, Енох, Матусал, Ламех, Ное, Сим, Хам и Јафет. Синови Јафетови: Гамер, Магог, Мадај, Јаван, Елиса, Товел, Мосох и Тирас. Синови Гомерови: Асханаз, Рифат и Тогарма. Синови Јаванови: Елиса, Тарсис, Хетим и Доданаим. Синови Хамови: Хус, Месраим, Фут и Ханан. Синови Хусови: Сава, Евила, Савата, Регма и Севетаха. Синови Регманови: Сева и Дадан. Хус го роди и Неврода: тој почна да станува силен на земјата. Месраим ги роди: Лодима, Анамима, Лавима, Фатероима и Нефтосеима, Патросонима, Хаслоима, од кого произлегоа Филистејците, и Кафторимите. Ханан го роди Сидона, својот првенец, и Хетеа, Јевусеја, Амореја, Гаргесеја, Евеја, Арукеја, Асенија, Арадија, Самареја и Аматија. Синови Симови: Елам, Асур, Арфаксад, Луд и Арам. Синови Арамови: Уз, Ул, Гетер и Масох. Арфаксад го роди Каинана, и Каинан го роди Сала, Сала, пак, го роди Евера. На Евера му се родија двајца синови: едниот се викаше Фалек, зашто во неговите дни се раздели земјата; брат му се викаше Јектан. Јектан го роди Едмодада, Салефа, Асермота, Јадера, Адорама, Узала, Декла, Гамала, Авимеила, Сава, Уфира, Евилата и Јоава. Сите тие беа Јектанови синови. А синови Симови се: Арфаксад, Каинан, Сала, Евер, Фалек, Рагав, Серух, Нахор, Тара, Аврам, тој е и Авраам. Синови Авраамови: Исак и Исмаил. Еве го нивниот одослов: Навајот, првенец Исмаилов, по него Кидар, Навдеил, Мавсан, Маома, Идума, Масиј, Ходад, Теман, Јетур, Нафдес, и Кедма. Тоа се Исмаиловите синови. Синовите на Хетура, Авраамова наложница: таа го роди Зомврана, Језана, Мадала, Мадијама, Јесвока и Суеја. Синови Језанови: Сава и Дедан. Синови Деданови: Рагуил, Навдеил, Асурим, Латусим и Асомин. Синови Мадијамови: Гефар, Офер, Енох, Авида и Елдад. Сите тие се Хетурини синови. И го роди Авраам Исака. Синови Исакови: Исав и Израил. Синови Исавови: Елифаз, Рагуил, Јевул, Јеглом и Кореј. Синови Елифазови: Теман, Омар, Софор, Готам, Кенез, а Тамна, Елифазова наложница, му го роди Амалика. Синови Рагуилови: Махет, Заре, Соме и Мозе. Синови Сирови: Лотан, Совал, Севегон, Ана, Дисон, Асер и Дисан. Синови Лотанови: Хори и Еман, а сестрата Лотанова: Тамна. Синови Совалови: Адуар, Манат, Увал, Сапфи и Онам. Синови Севегонови: Аија и Онам. Деца Ананови: Дисон и Еливама, Анонова ќерка. Синови Дисонови: Амада, Есеван, Етран и Харан. Синови Асорови: Валам, Занан и Илакан. Синови Дисонови: Ос и Аран. Еве ги и царевите, што царуваа во земјата Едомова, пред да се зацари цар над синовите Израилеви: Валак, син Веоров, а градот негов се викаше Денава. Умре Валак, а по него стана цар Јовав, синот Зарин од Восора. Умре Јовав, а по него царуваше Асом, од земјата на Теманците. Умре Асом, и по него цар стана Адад, син Варадов, кој ги порази Мадијамците во Моавското поле. Неговиот град се викаше Гетем. Умре Адад, а по него цар стана Самла, од Масекас. Умре Самла, и по него цар стана Саул, од Роовот, што е при реката. Умре Саул, а по него цар стана Валаенон, син Аховоров. Умре Валаенон, и по него цар стана Адад, син Варадов; градот му се викаше Фагор; името на жена му беше Метевеил, ќерка на Матраида. Потоа умре и Адад. Кнезови едомски беа: кнезот Теман, кнезот Алуа, кнезот Јетаф, кнезот Еливама, кнезот Ила, кнезот Финон, кнезот Кенез, кнезот Теман, кнезот Вамаил, кнезот Гамаесил, кнезот Арераман. Тоа беа кнезовите идумејски. Еве ги синовите на Израилот: Рувим, Симеон, Левиј, Јуда, Исахар, Завулон, Дан, Јосиф, Венијамин, Нефталим, Гад и Асир. Синови Јудини: Ир, Авнан и Силом, – тројцата му се родија од ќерката Сава, Хананејка. Ир, првенецот Јудин, беше лукав пред очите на Господа, и Он го уби. Тамара, негова снаа, му го роди Фареса и Зара. Сите синови на Јуда беа пет. Синовите Фаресови се: Есром и Јемуил. Синовите Зарови: Замври, Итам, Емуан, Калхад и Даралеј – сѐ на сѐ пет. Синови на Харми: Ахар, кој навлече беда врз Израилот, нарушувајќи ја заклетвата. Син Итамов: Азарија. Синови Есромови, што му се родија: Јерамеил, Арам и Халови. Арам, пак, го роди Аминадава: Аминадав го роди Наасона, кнез на Јудините синови; Наасон го роди Салмона, Салмон го роди Вооза; Вооз го роди Овида, Овид го роди Јесеја; Јесеј го роди својот прв син Елијава, вториот Аминадава, третиот Самеа, четвртиот – Натанаила, петтиот – Реила, шетстиот Асак, седмиот – Давида. Нивни сестри беа: Саруија и Авигеја. Синови Саруили: Авеса, Јоав и Асаил, – тројца. Авигеја го роди Амеса; а татко на Амеса беше Јотор, Исмаилец. Халев, синот Есромов, со жените Азува и Јериота, и еве ги синовите негови: Јасар, Сував и Ардон. Умре Азува, и Халев ја зеде за жена Ефрата, а таа му го роди Ора. Ор го роди Урија, а Уриј го роди Веселеила. Потоа Есром влезе при ќерката на Махира, Галадов татко, а ја зеде, кога тој беше на шеесет години, а таа му го роди Сегува. Сегув го роди Јаира; тој имаше дваесет и три града во Галадската земја, бидејќи од Гесурците и Сиријците ги зеде селата Јаирови и Кенат со селата, – шеесет градови. Сите тие градови беа на синовите од Махира, Галадовиот татко. Откако умре Есром во Халев-Ефрат, Есромовата жена Авија му го роди Асдома, татко на Текоја. Синови на Јерамеила, Есромов првенец, беа: првенецот Рам, по него Вуна, Оцем и Ахија. Јарамеил имаше и друга жена, по име Атара; таа беше мајка на Унама. Синови на Рама, првенец Јерамеилов, беа: Маас, Јамин и Акер. Синови Унамови беа: Сама и Садај. Синови Самаеви: Надав и Ависур. Жената Ависурова се викаше Авигеја, таа му ги роди Аузва и Молодија. Синови Надавови: Салад и Апфаин. Салад умре бездетен. Апфаиновиот син беше Јесеј, Јесеевиот син – Сосан, Сосановиот син – Дадај. Синови Јадови, Шамаев брат: Ахисама, Јетер и Јонатан; Јетер умре бездетен. Синови Јонатанови: Фалеф и Заза. Тоа се синовите Јерамеилови. Сосан немаше синови, туку само ќерки. Сосан имаше еден слуга, Египтјанец, по име Јераа. Сосан му ја даде ќерката своја за жена на својот слуга Јараа, а таа му го роди Етаја. Етај го роди Натана, Натан го роди Заведа; Завед го роди Офлада, Офлад го роди Јовида; Јовид го роди Иуја, Иуј го роди Азарија; Азарија го роди Хелиса, а Хелис го роди Елеаса; Елеаса го роди Сосомаја, Сосомај го роди Салума; Салум го роди Јекомија, Јекомија го роди Елисама. Синови на Халева, брат Јерамеилов, беа: Мариса, негов првенец, кој е татко на Зифа, а синовите на Мариса, Хевронов татко. Синови Хевронови: Кореј и Тафуј, Реком и Шема. Шема го роди Раема, Јерконов татко, а Рекем го роди Самаја. Самаевиот син беше Маон, а Маон беше татко Ветсуров. А Ефа, наложницата Халевова, го роди Арана, Моса и Газера. Синови Адаеви: Регма, Јоатам, Гирсом, Фалет, Гефа и Сегав. Моха, наложницата Халевова, го роди Севера и Тархана; таа го роди и Сагафа, таткото на Мадмина и Саула, таткото на Мадева и татко на Аговдвеја. А ќерка Халеова беше Асха. Еве ги синовите Халевови: син Ор, првенец од Ефрата; Совал, татко на Киријат-Јарима; Соломон, Ветлеамов татко; Арим, Ветгедоров татко. Совал, Киријат-Јаримовиот татко, имаше синови: Ара, Есиј, Аманит; Умасвај, Киријат-Јарим, Мифитин, Исаматим, Иса и Мареин. Од нив потекнуваат племињата: Саратеи и Естаго. Синови Салманови: Витлеемците и Нетофатците, Атаровците од Јоавовиот дом, и половината од Манатиевите Исари, племињата на писарите, што живееја во Јавис, Тарга, Тим, Саматим и Сахатим, тоа се Кенејците што дојдоа од Емат, од таткото на Рихавовиот дом. Синовите на Давида, што му се родија во Хеврон, беа: првенецот Амнон, од Ахиноама, Израилка; вториот – Далуија, од Авигеја, Кармилка; третиот – Авесалом, син од Маха, ќерка на гесурскиот цар Толомија; четвртиот – Адониј, син на Агита; петтиот – Сафатија, од Авитала; шестиот – Јетрам, од жена му Аглаја, – шестина што му се родија в Хеврон; тој царуваше таму седум години и шест месеци; а триесет и три години царуваше во Ерусалим. Овие, пак, му се родија во Ерусалим: Сима, Совав, Натан и Соломон – четворица од Вирсавија, ќерката Амиилова; Евар, Елисама, Елифалет. Нагис, Нефек, Јафиј, Елисам, Елијадак и Елифелет – деветмина. Тоа се сите синови Давидови, освен синовите од наложниците. Сестра им беше Тамара. Соломонов син беше Ровоам, негов син – Авија, негов син – Аса, негов син Јосафат, негов син Јорам, негов син Охозија, негов син – Јоас, негов син Амасија, негов син – Азарија, негов син – Јотам, негов син Ахаз, негов син – Езекија, негов син Манасија, негов син – Амон, негов син – Јосија. Синови Јосиеви: првенецот Јоахаз, вториот – Јоаким, третиот – Седекија, четвртиот – Селум. Синови Јоакимови: Јехонија, син негов; Седекија, негов син. Синови Јахониеви: Асир, Салатиил, негов син; Мелхирам, Фадија, Анесар, Језекија, Осамон и Савдадија. Синови Салатаилови: Зоровавел и Семеј. А синови на Зоровавела: Мосолам, и Ананија, и сестрата нивна Салимина и уште петмина: Асувеј, Оел, Варахија, Асадија и Асавед. Синови Ананиеви: Фалтијас и Јесија; негов син Рафал, негов син Орна, негов син Авдија, негов син Сахенија. Син Сехениев: Самеа, синови Саминеви: Хатус, Јоил, Верија, Ноадија и Саф – шестмина. Синови Ноадиеви: Елионеј, Езекија и Езрикам – тројца. Синови Елионееви: Уадија, Елиасевон, Фадаија. Акаум, Јонан, Далеја и Анан – седмина. Синови Јудини: Фарес, Есром, Хармиј, Ор и Совал. Рада, Совалов син, го роди Јета; Јет го роди Ахимеја и Лада; од нив се родовите на Аратинците. А тие се синови Етанови: Језраил, Јесман, Јевдан, и сестрата нивна, по име Есијадесфон. Фануил, татко на Гедора, и Езер, татко на Осана. Тоа се синовите на Ора, првенец Ефратов, татко Витлеамов. Асор, таткото на Текоа, имаше две жени: Хала и Мара. Мара му ги роди Ахаза и Адера, Темана и Астира, тоа се синовите од Мара. Синови од Хала: Серет, Саар и Естанам. Кос го роди: Енова и Совива и родовите на Рихава, Јаримов син. Јавис беше попрочуен од своите браќа. Мајка му го нарече Јавис, велејќи: го родив со болки. И повика Јавис кон Бога Израилев, велејќи: »О, да ме благословеше со Твоето благословие, да ги проширеше границите мои, да беше раката Твоја со мене и да ме пазеше од зло, та да не тагувам!« И Бог му го даде она за што молеше. А Хелув, братот на Шуха, го роди Махира; тој е татко на Ешона. Асатон го роди Сатрафа, Сефија и Тана, татко на градот Нас, брат на Селома Кенезеецот и на Ахава; тоа се жителите на Рихавави. Синови Кенезеови: Готонил и Сараја, син Готонилов: Атат. Манатај го роди Гофора, а Сараија го роди Јорама, таткото на оние што живееја во долината на дрводелците, зашто беа дрводелци. Синови на Халева, Јефонин син: Ир, Ила и Нам. Син на Ила: Кенез. Синови на Амелима: Зиф, Зефа, Тирија и Есерил. Синови Езрови: Јетер, Морад, Авфер и Јамон; Јетер, пак, го роди Марона, Семеја и Јесевоја, таткото на Гедар, таткото на Естамона. А жена му Адија го роди Јареда, Гедоров татко, и Авера, татко на Сохо, и Ехтила, татко на Занона. Тоа беа синови на фараоновата ќерка Ветија, што ја беше зел Морил. Синови на жена му Одија, сестра Новамова, татко Келиов: Гармиј и Есдемон од Махата. Синови Симеонови: Амнон, Рамнон, син Ананов и Тимнонов. Синови Ишиеви: Зохев и Бензохет. Синови на Силома, син Јудин: Ир, татко на Леха и Лаеда, татко на Мареша, и челадта на тие, што обработуваа висон, од Ашбеевиот дом, и Јоким, и жителите на Хозева, и Јоаш, и Сараф, коишто имаа владение во Моав, и Јашувилехем; но тоа се дамнешни работи. Тие беа грнчари, живеејќи и во градините и овшните градини; живееја таму при царот, за да му работат. Синови Симеонови: Немуил, Ламин, Јарив, Зерах и Саул. Негов син Шалум; негов син Мивсам; негов син Мишма. Синовите на Мишма: Хамуил, син негов; неговиот син Закур, неговиот син Семеј. Семеј имаше шеснаесет синови и шест ќерки, но браќата негови немаа многу синови, и сиот нивни род не беше толку многуброен, како родот на синовите Јудини. Тие живееја во Вирсавија, во Савата, во Монада и во Есерсуал, во Валај, во Асем, во Толад, во Ватуил, во Ерма, во Сикел, во Вертшаринот, во Имисусес и домот Варусеорим. Тоа се градовите нивни до царувањето на Давида, со селата нивни: Етам, Аин, Рамнон, Токан и Есар, – пет градови, и сите нивни села, што беа околу тие градови до Ваал; тоа се нивните живеалишта и родословија. А Месовав, Јамлех и Јосија, син на Амасија, Јоил и Јеху, син на Јошива, син на Сераија, син Асиилов, Елиоенај, Јакова, Ишохаија, Асаија, Адиил, Ишимиил и Ванеја, и Зиза, син на Сафеја, син на Алона, син на Једаија, син на Шимрија, син Шемаиев, – сите овие споменати беа кнезови над своите родови, и домот на татковците нивни се расклони многу. Тие одеа до Герара и до источната страна на долината, за да најдат пасишта за стадата свои; и најдоа густи и убави пасишта и широка земја, мирна и безопасна, зашто порано во нив живееја малкумина од Хамовците. Па дојдоа тие, запишани поименично, во дните на јудејскиот цар Езекија, па ги убија скитниците и заседнатите, што се наоѓаа таму, ги истребија засекогаш и се населија на местото нивно, зашто таму имаше пасишта за стадата нивни. А од нив, од Симеоновите синови, петстотини души отидоа кон гората Сир; кнезови им беа: Фалтија, Ноадија, Рафаија и Озиил, синови Јесови, и ги убија избеганите остатоци од Амаликијците, и живеат таму и до денес. Синови на Рувима, првороден Израилев, – тој беше првороден; но откако ја оскверни постелата на татка си, првенството им беше дадено на синовите на Јосифа, син Израилев, но под услов да не се пишат провородени. Бидејќи Јуда беше најсилен меѓу браќата свои, тоа и водачот излегуваше од него, но првенството беше пренесено на Јосифа, – синови на Рувима, провородениот Израилев, беа: Енох, Фалус, Асром и Хармиј. Синови Јоилеви: Семеј и Ванеа, негов син; неговиот син Гог, неговиот син Семеј, негов син Миха, негов син Риха, негов син Ваал, негов син Веира, кого што асирскиот цар Теглафаласар го одведе во плен. Тој беше кнез на Рувимците. А браќата негови, според родовите нивни, според нивниот родословен список, беа: Јоил – главен, потоа Захарија и Валек, син Азузов, син на Сама, син Јоилов; тој живееше во Ароир, до Наван и до Веел-Маон; потоа живееше тој кон исток до влезот во пустињата, кој се протега до реката Ефрат, зашто беа многубројни во земјата Галадска. Во дните на Саула, тие водеа војна со Агарјаните, а тие се настанија во шаторите нивни по целата источна страна на Галад. Синовите Гадови живееја спроти нив во земјата Васанска, до Селха: во Васан прв беше Јоил, втор – Сафам, потоа Јанин, книжник васански. Браќата нивни со челадта своја беа седум: Михаил, Мосолам, Севеј, Јорај, Јохан, Јовија и Овид, седум. Еве ги синовите на Авихајла, син Рувинов, и Ади, син Галадов, син на Михаила, син Јесеинов, син Једаинов, син Вузов. Ахи, син на Авдиила, син Гуниев, беше старешина во домот на својот род. Тие живееја во Галад, во Васан и по селата негови и во сите околности на Сарон, дури до крајните граници нивни. Тие сите беа преброени во дните на јудејскиот цар Јоатам и во дните на израилскиот цар Јеровоам. Меѓу потомците на Рувима и Гада и полуплемето Манасиево имаше воинствени луѓе, мажи, кои носеа штит и меч, кои стрелаа со лак и свикнати на борба, – четириесет и четири илјади и седумстотини и шеесет души, што одеа во војна. Тие војуваа со Агарјаните, со Итурејците, Нафисејците, Надавјеците. И помош им беше дадена против нив, и Агарјаните беа предадени во рацете нивни со сѐ, што имаа, зашто во времето на борбите тие го повикуваа Господа, и Он ги услишуваше, зашто на Него се надеваа. И ги зедоа стадата нивни: педесет илјади камили, ситен добиток двесте и педесет илјади, осли две илјади и сто илјади луѓе. зашто ранети паднаа многу, бидејќи борбата беше од Бога. И живееја на нивното место до преселувањето. Потомците од племето Манасиево живееја во таа земја од Васан до Ваал-Ермон и Санир и до гората Ермон; и тие беа многу. Еве ги нивните старешини: Гофер, Јеси, Елиил, Јеремија, Јодија и Једиил, мажи силни, мажи прочуени, глави на родовите свои. Но кога згрешија против Бога на татковците свои и почнаа да одат блудно по боговите на народите во таа земја, кои Бог ги беше изгонил од пред лицето нивно, тогаш Бог Израилев го возбуди духот на асирскиот цар Фула и духот на асирскиот цар Теглатфаласара, и тие г преселија Рувимците и Гадовците и полуплемето Манасиево и ги одведоа во Алаи, Јовор и Аран и на реката Гозан, – каде што се и до ден денешен. Синови Левиеви беа: Герсон, Кат и Мерари. Синови Катови: Амрам, Исар, Хеврон и Озил. Деца Амрамови: Арон, Мојсеј и Маријам. Синови Аронови: Надав, Авиуд, Елеазар и Итамар. Елеазар го роди Финеса, Финес го роди Авиуда; Аиуд го роди Вокија, Вокиј го роди Озија; Озија го роди Сареја, Сареј го роди Мариота; Мариот го роди Амарија, Амарија го роди Ахитова; Ахитов го роди Садока, Садок го роди Ахимаса; Ахимас го роди Азарија, Азарија го роди Јоанана; Јоанан го роди Азарија, – тоа е оној, што беше свештеник во изградениот храм од Соломна во Ерусалим. Азарија го роди Амарија, Амарија го роди Ахитова; Ахитов го роди Садока, Садок го роди Селума; Селум го роди Хелкија, Хелкија го роди Азарија; Азарија го роди Сареја, Сареј го роди Јоседека; Јоседек отиде во плен, кога Господ ги пресели Јудејците и ерусалимците преку раката Навуходоносорова. И така, синови Левиеви беа: Герсон, Кат и Мерари. Еве ги имињата на Герсоновите синови: Ловениј и Семеј. Синови Катови: Амрам, Исар, Хеврон и Озил. Синови Мерариеви: Моли и Муси. Тоа се потомците Левиеви според родовите нивни. Герсон имаше: Лавениј, негов син; Јет, син негов; Семна, негов син; Јол, негов син; Адо, негов син; Зара, негов син; Јетри, негов син. Синови Катови: Исар, син негов; Аминадав, негов син; Кореј, негов син, Асир, негов син; Елкана, негов син; Ависаф, негов син; Асир, негов син; Кат, негов син; Урил, негов син; Озија негов син; Саул, негов син. Синови на Елкана: Амаси и Амиот. Елкана, негов син; Суфиј, негов син; Нат, негов син; Елијаб, негов син; Јеремеил, негов син; Елкана, негов син; Самуил, негов син. Синови Самуилови: провородениот Јоил, втор Авија. Синови Мерариеви: Моли; Ловениј, негов син; Семеј, негов син; Озија, негов син; Сама, негов син; Ананија, негов син; Асаија, негов син. Ете, нив ги постави Давид да пеат над пеачите во Господовиот дом, откако го внесе во него ковчегот. Тие служеа како пеачи пред скинијата на сведоштвото, додека Соломон го изгради домот Господов во Ерусалим. Тие настапуваа во службата своја според редот свој. Еве ги оние што настапуваа со синовите свои: од синовите Катови – Еман, пеач, син на Јоила, син на Самуила, син на Елкана, син на Јеремеила, син на Елијава, син Нафов син на Суфа, син на Елкана, син на Амиота, син на Амаса, Син на Елкана, син на Јоила, син на Аварија, син на Сафанија, син на Мата, син на Асера, син на Авијасара, син на Кореја, син на Аминадава, син на Кита, син на Исара, син Левиин, син Израилев. И брат му Асаф, кој стоеше од десната страна негова, – Асаф, син на Варахија, син на Сама, син на Михаила, син Масилов, син на Мелиев, син Атаниев, син Зараев, син Адаев, син Итамов, син Земин, син Семеев, син Јетов, син Герсонов, син Левиев. А од синовите на Мерари, нивните браќа, – на левата страна: Етам, син Хусиев, син Авдиев, син Малохов, син Савиев, син Амасиев, син Хелкиев, син Амсиев, синот Ваниев, синот Самиров, синот Молиев, синот Мусиев, синот Мерариев, син Левиев. Браќата нивни, левитите, беа определени за секаква служба при Божјиот дом; Арон, пак, и синовите негови ги изгоруваа приносите врз жртвеникот за жртва и врз кадилниот жртвеник извршуваа секое свештенодејствие во Свјатаја Свјатих и за исчистување на Израилот во сѐ, како што беше заповедал Божјиот слуга Мојсеј. Еве ги синовите Аронови: Елеазар, син негов; Финес, син негов; Авиуд, син негов; Вокхи, негов син; Озиј, негов син, Сареј, негов син; Мариот, негов син; Амариј, негов син; Ахиров, негов син; Садок, негов син; Ахимас, негов син. Еве ги нивните живеалишта според селата нивни во нивните предели: на синовите Аронови од родот Катов, според она што им се падна со жреб; го дадоа Хеврон, во земјата Јудина, и околината негова; а нивите на тој град и селата негови му ги дадоа на Халева, синот Јефониев. На Ароновите синови им ги дадоа и прибежишните градови: Хеврон и Ловна со околиите нивни, Јатир и Естемој со околината негова, Илон и околината негова, Давир и околината негова, Асан со околината негова и Ветсамис со околината негова; и Ветсур со околината негова, а од племето Венијаминово – Гаваон и околината негова, Еламот со околината негова, и Еламвеј со околината негова и Анатот со околината негова; сите нивни градови во родовите нивни беа тринаесет града. На другите синови Катови од челадта на тоа племе им дадоа со жреб десет града од делот на полуплемето Манасиево. На синовите Гирсонови, според родовите нивни, од племето Исахарово, од племето Асирово, од племето Нефталимово и од племето Манасиево во Васан им дадоа тринаесет градови. На синовите Мерариеви, според родовите нивни, од племето Рувимово, од племето Гадово, и од племето Завулоново им дадоа со жреб дванаесет градови. Така синовите Израилеви им ги раздадоа на левитите градовите со околините нивни. Ги дадоа со жреб од племето на Јудините синови, од племето на Симеоновите синови и од племето на Венијаминовите синови оние градови, кои тие ги искажаа поименично. А на некои родови од Катовите синови им беа дадени градовите од Ефремовото племе. И им ги дадоа прибежишните градови: Сихем и околината негова на гората Ефремова, Газер и околината негова, Екман и околината негова, Веторон и околината негова, Елон со околината негова и Гатремон и околината негова; од полуплемето Манасиево – Анеир со околината негова и Јевлам со околината негова, тоа за семејствата на другите синови Катови. На синовите Гирсонови од полуплемето Манасиево им го дадоа Голан во Васан со околината негова и Асирот со околината негова; по племето Исахарово – Кедес и околината негова, Надар и околината негова, Рамот со околината негова и Енан со околината негова; од племето Асирово – Масал и околината негова Равот и околината негова, Хукок со околината негова и Реов со околината негова; од племето Нефталимово – Кадис во Галилеја и околината негова, Хамон со околината негова и Каријатаим со околината негова. А на другите синови Мерариеви – од племето Завулоново, Ремон со околината негова и Тавор со околината негова. Од онаа страна на Јордан, спроти Јерихон, на исток од Јордан, од племето Рувимово го дадоа Восор во пустињата и околината негова, Јаса и околината негова. Кадимот со околината негова и Моапсат со околината негова. од племето Гадово – Рамот во Галад и околината негова, Маханаим и околината негова, Есевон со околината негова и Јазир со околината негова. Синови Исахарови беа: Тола, Фуа, Јасув и Сомврам, четворица. Синови Толови: Озиј, Рафеј, Јерил, Амин, Јавтам и Самуил, старешини на домовите во Толовите поколенија, мажи воинствени во своите родови; нивниот број во Давидовите дни беше дваесет и две илјади и шестотини. Озиев син: Језриј; а Језриеви синови: Михаил, Абдиј, Јоил и Јесиј – петмина. Сите тие беа старешини. Тие имаа, според родовите свои и поколенијата свои, триесет и шест илјади готова војска за борба, зашто имаа многу жени и синови. А браќата нивни во сите поколенија Исахарови беа до осумдесет и седум илјади, мажи борбени, запишани во родословните списоци. Венијамин имаше синови: Валај, Ховор и Једиил – тројца. Синови на Валај: Есевон, Озиј, Озиил, Јеримут и Уриј – петмина, старешини, мажи воинствени. Во родословните списоци запишани дваесет и две илјади и триесет и четири. Синови Вохорови: Замир, Јоав, Елиезер, Елијан, Амриј, Јеремот, Авиј, Анатот и Елметем; сите тие се синови Вохорови. Во родословните списоци од нив се запишани, по родовите и по старешинство, мажи борбени – дваесет илјади и двесте. Једиилев син: Валаам; синови Валаамови: Јеос, Венијамин, Лот, Аханан, Зитан, Тарис, Асаир. Сите тие синови Једиилеви беа старешини на домови, мажи воинствени; кои одеа во војна, беа седумнаесет илјади и двесте. Сафан и Ифан беа синови Јеримутови; Есуд беше син Ахиров; а синовите Нафталимови: Јасиил, Гуниј, Јесер и Селам беа деца од Вала. Синови Манасиеви: Језриил, кого го роди наложницата негова, Арамејка; таа го роди уште Махира, Галадов татко. Махир ја зеде за жена сестрата на Орфира и Сафина, – сестрата нивна се викаше Маха; вториот син на Манасија се викаше Салпад. Салпад имаше само ќерки. Маха, жената Махирова, роди син и го нарече Фарес, а брат му се викаше Сорор. Негови синови: Улам и Ракам. Уламов син: Бедан. Тоа беа синови на Галада, син на Махира, син Манасиев. Сестра му Малехет го роди Јесуда, Авиезера и Мала. Семирови синови беа: Аим, Сихем, Лахин и Енијам. Ефремови синови: Тусалам; и Веред, негов син, Тахат, негов син, Елеад, негов син, Тахат, негов син, Завад, негов син, Сотела, негов син, Езер и Езлад. Нив ги убија жителите гетски, родени во таа земја, затоа што беа отишле да ги заграбат стадата нивни. И татко им Ефрем плачеше по нив многу денови, а браќата негови доаѓаа да го утешуваат. Потоа тој влезе при жена си; таа зачна и роди син, и тој го нарече со името Варија, затоа што зло го снајде домот негов. Тој имаше и ќерка Сара. Таа го изгради Долни и Горни Веторон и Садра. Негов син беше Рафај; негови синови Расеф и Талај; Таан, негов син, Ладан, негов син, Амиуд, негов син, Елисама, негов син, Нун, негов син, и Јосиј, негов син. Имотот нивни и живеалиштата нивни беа: Ветил и селата негови: кон исток Наран, кон запат Газер и селата нивни; Сихем и нему потчинетите градови дури до Газа со селата нејзини, и други до пределите на синовите Манасиеви: Ветсан и селата негови, Танах со селата негови, Магедон со селата потчинети, Дор и потчинетите села. Во нив живееја синовите на Јосифа. Израилев син. Синови Асирови: Јамна, Јесва, Јесвај, Варија и сестра им Сареа. Синови Вариеви: Ховер и Мелхил. Тој е татко Заветов. Ховер го роди Јафлета, Сомира, Хотана и сестра им Сула. Синови Јафлетови: Фасех, Амамат и Асот. Тоа беа синови Јафлетови. Синови Сомирови: Ахи, Рога, Јехува и Арам. Синови на Хелема, негов брат: Софа, Јамна, Елим и Алам. Синови Софови: Суе, Аријафер, Суан, Ворин и Имрам, Восор, Ход, Сама, Селимван, Итран и Веера. Синови Јетерови: Јетон, Фасфа и Ареј. Синови Оланови: Орех, Аниил и Расија. Сите тие беа синови Асирови, старешини на домовите, избрани мажи, борбени, кнезови, војводи. Запишани беа во нивните родословни списоци, за војна, на број дваесет и шест илјади души. Венијамин го роди Вала, својот првенец, Азвила – втор, Дисра – трет, Науила – четврти и Рафа – петти. Синови на Вала беа: Адир, Гир, Авиуд, Ависуј, Ноаман, Ахиј, Гира, Сефуфам и Урам. Еве ги синовите Ехудови, кои беа старешини на родовите, што живееја во Гава и беа преселини во Манахат: Наман, Ахија и Гира, којшто ги пресели; тој го роди Азана и Нуа, Сеорим роди деца на Моавската земја, откако ги напушти жените свои Осима и Вада. Тој ги роди од жените си Коала: Јовава, Самија, Мис, Мелхама, Јоаса, Сехија и Мармија; тоа се негови синови, оценачалници. Од Осима тој ги роди Амитова и Елифада. Синови Елифадови: Евер, Мисроам, Самиил, – којшто го изгради Анон, Лодон и нему потчинетите градови, – Варија и Сама. Тие беа кнезови на Еламските жители. Тие ги изгонија гетските жители. Сосил, Јеримот, Зевадија, Орид, Авад, Мосолам, Јесфа, Језија, беа Вариеви синови. Зевадија, Мосолам, Азаки, Авер, Јасиј, Самрам, и Језелија и Јоав, беа синови Алфадови. Јаким, Хезриј, Завдиј, Елионај, Салтиј и Елиил, Адаија, Вареа и Самарат беа синови Семееви Јесфан, Авер, Елеил, Авдон, Зехриј, Анан, Ананија, Илам, Анататија, Јефадија и Фануил беа синови Сосикови. Самоас, Сареја, Етнија, Јарсија, Илија, и Зехрија беа синов Јеромаимови. Тие беа кнезови, главни во родовите свои. Тие живееја во Ерусалим. Во Гаваон се настанија: Јеила, таткото на Гаваонците – жена му се викаше Маха, – и првородениот му син Авдон, а по него: Сур, Кис, Ваел, Надав, Нир, Гедор, Ајуј, и брат му Саур и Махелод. Махелод го роди Сама. И тие живееја до браќата свои во Ерусалим, заедно со браќата свои. Нир, го роди Киса; Кис го роди Саула; Саул го роди Јонатана, Мелхисуа, Аминадава и Јесвала. Јонатанов син беше Мемфивал; Мемфивал го роди Миха. Синови на Миха: Фитот, Малот, Тарес и Ахаз. Ахаз го роди Јада: Јад го роди Салемета, Асмота и Замврија; Замвриј го роди Меса; Меса го роди Вана; Рафеј беше негов син; Еласа, негов син; Асаил, негов син. Асаил имаше шестмина синови, и еве ги имињата нивни: Езрикам, Исмаил, Азарија, Авдија, Сараја и Анан; тие сите беа синови Асаилови. Синови на Асека, негов брат: Улам негов првороден, втор – Јесус, трет – Елифас. Синовите Уламови беа мажи воинствени, стрелци со лак, имаа многу синови и внуци; сто и педесет. Сите тие беа од синовите Венијаминови. Така беа пребројани според родовите свои сите Израилци, и, ете, тие се запишани во книгите на израилските цареви. А Јудејците заради беззаконијата свои беа преселени во Вавилон. Првите жители, што живееја во своите владенија, по израилските градови, беа Израилци, свештеници, левити и Нетинејци. Во Ерусалим живееја некои од Јудините синови и од синовите Венијаминови, како и од синовите Ефремови и Манасиеви: Утиј, син Амиудов, син на Амври, син на Амераима, син Ваниев, – од синовите на Фареса, Јудиниот син; од синовите Силонови – Асаија, првороден, и синовите негови; од синовите на Зара – Јеил и браќата нивни, – шестотини и деведесет; од синовите Венијаминови – Салу, син на Васолама, син на Одуаје, син Сануев; Јевна, син Јероамов, Елав, син на Озија, син Махиров; Мосолам, син на Сафатија, син на Рагуила, син Јеваниев, и браќата нивни според родовите нивни: деветстотини и педесет и шест, – сите тие мажи беа кнезови на родовите во поколенијата свои. А од свештениците: Јодај, Јоарим, Јоаким, Азарија, син на Хелкија, син на Мосолама, син на Садока, син на Марариота, син Ахитов, кој беше началник на Божјиот дом; Адијам, син на Јероама, син на Фастура, син Мелхиаев; Маасиј, син Адиилов, син Езиров, син на Мосолама, син на Маселамота, син Емаров, и браќата нивни, кнезови на родовите свои: илјада и седумстотини и шеесет, – мажи истакнати во службата своја во Божјиот дом. А од левитите: Семеја Асуев син, син на Езраикама, син Савиев, – од синовите Мерариеви; Ваквакар, Арис, Гареа и Матанија, син на Миха, син на Зехрија, син Асафов; Авдија, син Семеев, син на Галила, син на Идитуна, и Варахија, син на Аса, син на Елкана кој живееше во Нетофатските села. А вратари: Селум, Акум, Телмон, Еман и браќата нивни; Селум беше главен. Тие се и до денес вратари при царската порта кон исток и ја одржуваат стражата на синовите Левиеви. Селум, син Кореов, син на Авијасафа, син на Кореја, и браќата негови од неговиот род, – Кореевци, по службата беа стражари при праговите на скинијата, а татковците нивни го чуваа влезот во Господовиот дом. Финеес, син Елеазаров, беше водач нивни, и Господ беше со него. Захарија, син Мосоламов, беше вратар при вратата во скинијата на сведоштвото. Сите тие, избрани за вратари при праговите, беа двесте и дванаесет. Тие се запишани во списокот според нивните села. Нив ги поставија Давид и Самуил јасновидецот заради верноста нивна. Тие и синовите нивни чуваа стража при вратата на домот Господов, при домот на скинијата. Вратари имаше на четирите страни: на источната, западната, северната и јужната. А браќата нивни живееја во своите села и доаѓаа одвреме – навреме при нив за седум дена. Тие четворица први вратари, левитите, беа доверени лица; тие исто така беа поставени при живеалиштата и сокровиштата на Божјиот дом. Тие престојуваа и ноќе околу Божјиот дом, бидејќи ним им беше наложено да го чуваат, и тие беа должни секое утро да ги отвораат вратите. Некои од нив беа поставени при службените садови, кои ги примаа со број и даваа со број. На други од нив им беа доверени другите садови и сите свештени потреби: најчисто брашно, вино, елеј, темјан и мирисите. А некои од свештеничките синови подготвуваа миро, од разни миризливи материи. А на левиотот Мататија, првороден на Кореецот Селум, му беше доверено она, што се подготвува во тавче. На некои од браќата нивни, од синовите Катови им беше доверено да ги приготвуваа лебовите на предложението, за да ги принесуваат секоја сабота. А певците, главните во левитските поколенија, во собите на храмот беа ослободени од работа, бидејќи беа должни да се занимаваат дење и ноќе со својата служба. Тоа се левитските кнезови, главни во родовите свои. Тие живееја во Ерусалим. Во Гаваон живееја: Јеил, татко на Гаваонците, – жена му се викаше Маха, – и првородениот син негов Авадон; по него: Сур, Кис, Вал, Нир, Надав, Гедор, Ајун, Зехрија и Макелот. Макелот го роди Сама. И тие живееја до браќата свои во Ерусалим, заедно со браќата свои. Нир го роди Киса, Кис го роди Саула, Саул го роди Јонатана, Мелхиса, Аминадава и Јесфала. Јонатанов син беше Мемфивал; Мемфивал го роди Миха. Синови на Миха: Филот, Мехиил, Тара и Хаз. Хас го роди Јада; Јад го роди Алета, Асмота и Замврија, Замвриј го роди Меса. Мес го роди Ванија; Рафеја беше негов син; Еласа, негов син, Асаил, негов син. Асаил имаше шестмина синови, и еве ги имињата нивни: Езрикам, Исмаил, Азарија, Авдија, Анан и Аса. Тоа се синовите Асаилови. Филистејците војуваа против Израилот, и Израилците бегаа од Филистејците и паѓаа поразени на гората Гелвуја. Филистејците го гонеа Саула и синовите негови и ги убија Јонатана, Аминадава и Мелихисуа, синови Саулови. Битката против Саула се засили, и стрелците се нафрлија врз него, така што тој беше изнаранет од стрелците. Саул му рече на својот оружјеносец: »Извади го мечот свој и уби ме со него, за да не дојдат тие необразани и да се подбиваат со мене.« Но оружјеносецот не се осмелуваше, зашто многу се беше уплашил. Тогаш Саул го зеде мечот свој и падна врз него. Оружјеносецот негов, кога виде, дека Саул умре, и самиот падна врз мечот свој и умре. Загина Саул и тројцата синови негови, и целиот дом негов загина заедно со него. Кога Израилците, што беа во долината, видоа, деака сите бегаат и дека Саул и синовите негови се убиени, ги напуштија градовите свои и се разбегаа; а Филистејците дојдоа и се населија во нив. На другиот ден Филистејците дојдоа да ги соберат убиените и го најдоа Саула и синовите негови, паднати на Гелвујската гора. Го соблекоа Саула и му ја зедоа главата и оружјето, и испратија по земјата Филистејска да разгласат за тоа пред своите идоли и пред народот. Оружјето негово го ставија во идолското светилиште пред своите богови, а главата негова ја наденаа во домот на Дагона. И целиот Јавис Галадски чу сѐ, што беа извршиле Филистејците со Саула. Потоа станаа сите силни мажи, го зедоа телото Саулово и телата на синовите негови и ги однесоа во Јавис; тие ги закопаа коските нивни под дабот во Јавис и постеа седум дена. Така умре Саул поради своето беззаконие, што го направи пред Господа, затоа што не ги запази зборовите Господови и се допрашуваше до вражачите, а не Го побара Господа. Затоа Он и го погуби и царството негово и го предаде на Давида, Јесеевиот син. Се собраа сите Израилци при Давида во Хеврон и рекоа: »Еве, ние сме коска твоја и плот твоја; и вчера и завчера, кога Саул беше уште цар, ти го изведуваше и го воведуваше Израилот: и Господ, Бог твој, ти рече: ‚Ти ќе го пасеш Мојот народ Израилот и ти ќе бидеш водач на Израилот, Мојот народ.‘« Тогаш сите старешини Израилеви дојдоа при царот во Хеврон, и Давид склучи со нив завет во Хеврон пред лицето Господово, и тие го помазаа Давида за цар над Израилот, според словото Господово преку Самуила. И тргна Давид и сиот Израил за Ерусалим, односно за Јевус. А таму беа Јевусејците, жители на таа земја. Жителите на Јевус му рекоа на Давида: »Нема да влезеш тука.« Но Давид ја презеде тврдината Сион: тоа е градот Давидов. И рече Давид: »Кој од сите вас најнапред ќе ги победи Јевусејците, ќе стане кнез и војвода.« Најнапред од сите излезе Јоав, Саруевиот син, и стана кнез. Давид живееше во таа тврдина, и затоа ја нерекуваа Давидов град. Тој изгради ѕидови околу градот, почнувајќи од Милон па сѐ наоколу; Јоав, пак, ги обнови другите делови на градот. Давид напредуваше и се воздигаше сѐ повеќе и повеќе, и Господ Саваот беше со него. Еве ги поглавните Давидови јунаци, кои се бореа храбро со него во царството негово, заедно со сиот Израил, за да го зацарат над Израилот според словото Господово. Еве го и бројот на јунаците што беа при Давида: Јесвал, син Ахаманиев, прв од триесеттемина: тој го извелче мечот свој против триста души и наеднаш ги порази. По него Елеазар, синот на Ахохиецот Додо – еден од тројцата јунаци: Тој беше со Давида во Фаседомин, каде што Филистејците се беа собрале за војна. Таму еден дел од полето беше посеано со јачмен, и народот избега од Филистејците; но тие се запреа среде полето, ги забележаа и ги поразија Филистејците. И Господ даде големо спасение на Своите луѓе. Тие тројцата главни од триесеттемина водачи се качија на карпата при Давида во пештерата Одолам, а, пак, филистејскиот логор беше сместен во Рефаимската долина. Давид во тоа време беше во утврдено место, а стражата филистејска беше во Витлеем. Давид ожедне и рече: »Кој ќе ми донесе да пијам вода од Витлеемскиот извор, што е при портите?« Тогаш тие тројца се провреа низ филистејскиот логор, зафатија вода од Витлеемскиот извор, што е при портите, та му донесоа на Давида. Но Давид не сакаше да пие, туку ја излеа во слава на Господа. и рече: »Да ме чува Господ, тоа да го направам! Зар ќе ја пијам крвта на оние мажи, што ги изложија душите свои! Зашто со опасност по животот свој тие ја донесоа водата.« – И не сакаше да ја пие. Еве што извршија тие тројца јунаци. И Авеса, братот Јоавов, беше главен меѓу тројцата: тој уби со мечот свој триста души и се прослави меѓу тие тројца. Од тројцата тој беше највиден и беше водач, но на тие тројца не им беше рамен. Ванеја, синот на храбриот маж Јодај, голем по делата, родум од Кавасаил, ги уби двајцата синови на Ариила Моавски; тој истиот слезе и уби лав во еден ров по снежно време; пак тој уби еден Египтјанец, кои беше пет лакти висок: Египтјанецот имаше во раката копје колу едно ткаечко кросно, а тој пристапи кон него со стап и, откако му го изби копјето од раката на Египтјаницот, го уби со неговото копје. Тоа токму го изврши Јодаевиот син Ванеја, и беше славен меѓу тие тројца јунаци; тој беше повиден од триесеттемина, но на оние тројцата не им беше рамен, и Давид го постави за најблизок исполнител на своите заповеди. А главни од борците беа: Асаил, брат на Јоава; Елеанан, син на Додо, од Витлеем; Самот Адитијанин, Хелки Афелонин; Ореј, син на Кис Текуитски; Авиезер Анатотски; Совохај Асотиски; Илиј Ахојски; Воорај Нетофатец; Елад, син на Вајнак, Нетофатецот; Итај, син Ривеинов, од Гава Венијаминова; Ванеја Фаратонијев; Уриј од Неал; Галсавил од Аравеја; Азмот Варсамијски; Елијав Саламијски; Ирас Гоиниски. Синови на Гизонецот Хасема: Јонатан син на Сагти, Арариецот; Ахијам, син Сахаров, Арариец: Зифаил, син на Орин; Афер Мехуратински; Ахија Фелониски; Асарај Мармелински; Ноорај, син Авдиев; Јоил, брат Натанов; Мехар, син Тараиев; Селик Амонец; Наареј Виродин, оружјеносец на Јоава, син Саруев; Ира Јетериин; Гарив и Териин; Урија Хетеецот; Вазат, син Олиев; Адина, син на Саха, кнез на Рувимовците, и тој имаше триесет; Анан, син на Мааха; Јосафат Татанин; Озија Астарот; Сама и Јеил, синови на Хотан од Ароир; Једил, син Самерин, и Јоза, негов брат Тосанец; Јелиил од Маоин, и Арива и Осоја, синови Елијамови, Енам и Устем, Моавци; Елиил, Овид и Јесиил од Месовија. Еве ги оние кои исто така дојдоа при Давида во Сикелаг, кога тој уште се криеше од Кисовиот син Саула; тие беа од јунаците, што помагаа во борбата, вооружени со лак, фрлаа со десната и со левата рака камења и пуштаа стрели со лак, беа од браќата Саулови, од Венијамина; кнез беше Ахизер, по нека Јоас, синови на Сама од Гива; Јазиил и Фалит, синови Замотови; Варихија и Јуј од Анатот; Самија од Гаваон, јунак од триесетмина и водач на триесетмината; Еремија, Језекил, Јоанан и Јозават од Гадара; Елиозиј, Јеримут, Валија, Самарија, Сафатија од Аруфа; Елкана, Јесија, Уелиил, Језар, и Јесвал, од Кореевците; и Јоил и Завадија, синови на Јероама, од Гедор. При Давида во крепоста, во пустињата дојдоа мажи јунаци, од Гадовците, воинствени, вооружени со штит и копје; лицата нивни – лицата лавовски, брзи како елени в гора. Главен беше Азер, втор Авдија, трет – Алијад. четврти Масман, петти – Јеремија, шести – Јетија, седми – Елиил, осми Јоанан, деветти – Елзавал, десетти – Јеремија, единаесетти – Махавенај. Тие, синовите Гадови, беа војводи во војската: најмалиот над сто души, а најголемиот над илјада. Тие минаа преку Јордан во првиот месец, кога тој се излива од бреговите свои, и ги прогонија сите оние што живееја во долините кон исток и запад. Исто така и синовите Венијаминови и Јудини дојдоа во тврдината при Давида. Давид излезе да ги пресретне и им рече: »Ако сте дошле со мир при мене, за да ми помагате, тогаш јас и вие да имаме едно срце; но, ако доаѓате, за да ме предадете со заговор на непријателите мои, кога нема во рацете мои неправда, Бог на татковците наши нека види и нека суди.« И дух го опфати Амасија, водачот на триесеттемина, и тој рече: »Мир на тебе, Давиде, мир со тебе сине Јесеев! Мир на тебе, мир и на твоите помошници! Зашто твојот Бог ти помага.« Тогаш Давид ги прими и ги постави на чело на војската. И од Манасиевото племе преминаа некои кон Давида, кога војуваше со Филистејците против Саула. Но Давид не им помогна на Филистејците, зашто војводите Филистејски, откако се посоветуваа, го испратија велејќи: »За наше зло, тој ќе побегне при својот господар Саула.« Кога се враќаше Давид во Сикелаг, прибегнаа кон него племињата Манасиеви: Еднај, Јозавад, Михаил, Јосафат, Једиил, Елиу, Салатиј, илјадници кај Манасиевите. Тие му помагаа на Давида против четите на Гедур, зашто сите беа мажи храбри и беа началници на војската. Така секој ден придоаѓаа кај Давида на помош до толку, што неговата војска стана голема како војската Божја. Еве го бројот на кнезовите во војската, што дојдоа при Давида во Хеврон, за да му го предадат царството Саулово, според словото Господово; Јудини синови, што носеа штит и копје, имаше подготвени за војна шест илјади и осумстотини; од синовите Симеонови, мажи храбри, имаше во војската седум илјади и сто; од синовите Левиеви – четири илјади и шестотини; дојде и Јодај, кнез од Ароновиот род, и со него три илјади и седумстотини; и Садок, храбар јунак, и родот негов – дваесет и двајца кнезови; од синовите Венијаминови, браќата Саулови, дојдоа три илјади; но уште многумина од нив му веа верни на Сауловиот дом; од синовите Ефремови – дваесет илјади и осумстотини храбри јунаци, мажи прочуени во родовите свои; од полуплемето Манасиево – осумнаесет илјади, кои поименично беа повикани, за да одат да го зацарат Давида; од синовите Исахарови дојдоа мажи разумни, кои ги познаваа времињата и знаеја кога и што треба да изврши Израилот; тие беа двесте кнезови, и сите браќа нивни одеа по зборовите нивни; од племето Завулоново имаше готови за борба, вооружени со секакви воени оружја, педесет илјади, во строј, еднодушни; од племето Нефталимово – илјада војводи и со нив триесет и седум илјади со штитови и копја; од племето Даново – дваесет и осум илјади и шестотини, спремни за војна; од Асира – четириесет илјади војници, подготвени за борба; од онаа страна на Јордан, од племето Рувимово и Гадово и од полуплемето Манасиево, сто и дваесет илјади, со секакво воено оружје. Сите тие борци, наредени во строј, дојдоа со полно срце во Хеврон, за да го зацарат Давида над целиот Израил. Па и сите други Израилци беа еднодушни да го зацарат Давида. И останаа таму при Давида три дена, јадеа и пиеја, зашто браќата им беа подготвиле сѐ за нив; па и оние што беа поблиску до нив, дури до Исахаровото, Завулоновото и Нефталимовото племе, им донесуваа на осли, камили, маски и волови сѐ за јадење: брашно, смокви, суво грозје, вино и елеј, како и многу ситен и крупен добиток, бидејќи радоста беше голема за Израилот. Давид се советуваше со илјадниците, стотниците и со сите војводи, и му кажаа на целото собрание израилско: »ако ви е угодно, и ако благослови Господ, Бог наш, да испратиме до другите наши браќа насекаде по целата Израилска земја, а исто така и до свештениците и левитите во градовите и селата нивни, за да се соберат при нас, и да го пренесеме Ковчегот на нашиот Бог при нас, зашто во Сауловите дни не се обрнувавме кон него.« И целото собрание рече: »Така нека биде!« зашто тоа му се виде праведно на целиот народ. Така Давид ги собра сите Израилци, од Сихор Египетски до влезот во Емат, за да го пренесат Ковчетот Божји од Киријат-Јарим. И отиде Давид и сиот Израил во Кириат-Јарим, што е во Јудеја, за да го пренесат оттаму Ковчегот на Бога, Господа, Кој седи на херувими, врз кого се повикува Неговото име. И го повезоа Ковчегот на нова кола од домот Аминадавов, а Оз и браќата негови ја водеа колата. Давид, пак, и сите Израилци свиреа со сета сила пред Бога, со пеење на гусли, псалтири, тимпани и труби. Кога стигнаа до Хидоновото гумно, Оз посегна со раката да го придржи Ковчегот, бидејќи воловите го беа настраниле. Но Господ се разгневи на Оза и го порази поради тоа што посегна со рака кон Ковчегот, и тој умре на самото место пред Божјото лице. Давид се нажали затоа што Господ го порази Оза. И го нарече тоа место Озов пораз; така се нарекува и до ден денешен. И во тој ден Давид се уплаши од Бога и рече: »Како ќе го внесам при себеси Ковчегот Божји?« И не го пренесе Давид Ковчегот при себеси во Давидовиот град, туку го сврте кон куќата на Гетецот Аведар. И стоеше Ковчегот Божји кај Аведара во куќата негова три месеци, и Господ го благослови Аведаровиот дом и сѐ што имаше. Тирскиот цар Хирам испрати при Давида пратеници, кедрови дрвја, и каменоделци, за да му изградат дом. Откако разбра Давид, дека Господ го утврдил за цар над Израилот, дека царството негово се воздигнува високо, заради народот негов Израилот. тој си зеде уште жени во Ерусалим, и му се родија уште синови и ќерки. Еве ги имињата на оние, што му се родија во Ерусалим: Сам, Совав, Натан и Соломон, Јевеар, Елисуј, Елифалет, Нагед, Нафат, Јафија, Елисам, Валијад, Елифалет. И слушнаа Филистејците, дека Давид бил помазан за цар над целиот Израил, и сите тие се кренаа да го бараат Давида. А Давид, откако разбра, излезе против нив. Филистејците дојдоа и се распоредија во Рефаимската долина. Давид го праша Бога, велејќи: »Да одам ли против Филистејците, и ќе ги предадеш ли во рацете мои?« Господ му одговори: »Оди, Јас ќе ги предадам во рацете твои.« Тие отидоа во Ваал-Фарасин, и таму ги порази Давид. И рече Давид: »Бог ги пресече моите непријатели преку раката моја како воден пролом.« Затоа и го нарекоа тоа место Ваал-Фарасин. И Филистејците ги оставија боговите свои таму, а Давид заповеда, та ги изгореа со оган. И пак дојдоа Филистејците и се улогорија во долината. Давид пак го праша Бога, и Бог му одговори: »Не оди право во пресрет нивни, туку скршни од нив и оди кон нив откај црниците; и кога ќе чуеш шум како од врвеж по црничини врвови, тогаш почни ја борбата, зашто Бог ќе излезе пред тебе, за да го порази филистејскиот логор.« Давид направи така, како што му заповеда Господ, и го порази филистејскиот логор, од Гаваон до Газер. И Давидовото име се разнесе по сите земји, и Господ го направи страшно за сите народи. Тогаш си изгради тој палата во Давидовиот град, подготви место за Ковчегот Божји и направи скинија за него. И рече Давид: »Никој не смее да го носи Ковчегот Божји, освен левитите, бидејќи нив ги избра Господ, за да го носат Ковчегот на Бога и да му служат засекогаш.« И ги собра Давид сите Израилци во Ерусалим, за да го внесат Ковчегот Господов на местото негово, што беше го поставил за него. Па ги свика Давид синовите Аронови и левитите: од синовите Каатови, началникот Урил и браќата негови – сто и дваесет души; од синовите Марариеви, началникот Асаија и браќата негови – двесте и дваесет души; од синовите Гирсонови, началникот Јоила и браќата негови – сто и триесет души; од синовите Елисафанови, начланикот Семеја и браќата негови – двесте; од синовите Хевронови, началникот Елиила и браќата негови – осумдесет; од синовите Озиилови, начланикот Аминадава и браќата негови – сто и дванаесет. И ги повика Давид свештениците: Садока и Авијатара, и левитите: Урила, Асаија, Јоила, Семеја, Елиила и Аминадава, и им рече: »Вие, началници на левитските родови, осветете се, вие и браќата ваши, и однесете го Ковчегот на Господа, Бога Израилев, на местото, што сум му го подготвил; и поради тоа што порано не го вршевте вие тоа, Господ, Бог наш, нѐ раздели, затоа што не Го баравме, како што требаше.« И се осветија свштениците и левитите, за да го носат ковчегот на Господа, Бога Израилев. И синовите левитски го понесоа ковчегот Божји, како што беше заповедал Мојсеј според словото Господово, на раменици, со лостови. Тогаш Давид им заповеда на левитските началници да ги постават браќата свои певци со свирки – псалтири, гусли и кимвали, да разгласат со висок радосен глас. Левитите го поставија Јоиловиот син Етана, и од браќате негови – Варахиевиот син Асаф, а од синовите Мерариеви, нивни браќа – Кисеовиот син Етан; и со нив браќата нивни, второстепени: Захарија, Озила, Семирамота, Јеила, Ананија, Елијава, Ванеја, Масија, Мататаија, Елифала, Макенија и Авдеда, Јеила и Озија вратари. Еман, Асаф и Етан свиреа високо на бакарни кимвали, а Захарија, Озиил, Семирамот, Јехил, Ананиј, Елиав, Масија и Ванеја – на псалтири, со тенок глас. А Мататија, Елифала, Макенеј, Авдедом, Јеил и Озија – на гусли, за да преземаат. Хоненија, пак, началник левитски, беше учител по пеење, зашто беше вешт во пеењето. Варахија и Елкана беа вратари при Ковчегот. Совенија, Јосафат, Натанаил, Амасија, Захарија, Ванаја и Елиезер, свештеници, трубеа со труби пред Ковчегот Божји. Авдедом и Јехија беа вратари при Ковчегот. И така Давид и старешините Израилеви и илјадниците отидоа да го пренесат Ковчегот на заветот Господов од домот на Авдедома со веселба. И кога Бог им помогна на левитите, што го носеа Ковчегот на заветот Господов, заклаа како жртва седум телиња и седум овни. Давид беше огрнат со наметка од тенко платно, а исто така и сите левити, како и певците што го носеа Ковчегот, Хоненија, кој раководеше со свирачите и со певците. Давид носеше и ленен ефод. И така сиот Израил го внесуваше Ковчегот на заветот со извици, при звуци од рог, труби и кимвали, свирејќи на псалтири и гусли. Кога Ковчегот на заветот Господов влегуваше во Давидовиот град, Мелхола, Сауловата ќерка, гледаше од прозорецот и, откако го виде царот Давид како игра и се весели, го презре во срцето свое. Го донесоа Ковчегот Божји и го поставија среде скинијата, што ја беше направил Давид за него и му принесе на Бога жртви сепаленици, и мирни жртви. Кога Давид заврши со сепалениците и принесувањето на мирни жртви, го благослови народот во името Господово, и им раздаде на сите Израилци, и на мажи и на жени, по еден леб, по едно парче месо и по чаша вино. Тогаш постави тој на служба пред Ковчегот Господов некои од левитите, за да славословат, да благодарат и да Го превознесуваат Господа, Бога Израилев: Асафа – за раководител, втор по него – Захарија, Јеила, Семирамота, Јеила, Мататија, Елијава, Ванеја, Авдедома и Јеила со псалтири и гусли, и Асафа – да свири на кимвали, а Ванеја и Озила, свештеници, – да трубат постојано пред Ковчегот на заветот Божји. Во тој ден Давид за првпат даде псалм за савословие на Господа преку Асафа и браќата негови: »Славете Го Господа, разгласувајте го името Негово; кажувајте ги делата Негови меѓу народите; пејте Му, свирете Му; раскажувајте за сите негови чудеса; фалете се со Неговото свето име; нека се весели срцето на оние, кои Го бараа Господа; побарајте Го Господа и силата Негова, барајте го непрастајно лицето Негово, спомнувајте ги чудесата, што ги изврши, знаците Негови и судовите од устата Негова; вие, семе Израилево, слуги Негови, синови Јаковови, избраници Негови! Он е Господ, Бог наш; Неговите сугови се по целата земја. Помнете го вечно заветот Негов, словото, што го заповеда за илјада родови, она, што му го вети на Авраама и во кое му се колнеше на Исака. Он му ја постави на Јакова за закон и на Израилот за вечен завет, велејќи: ‚Тебе ќе ти ја дадам земјата Хананска, како ваш наследен дел.‘ Тие тогаш беа малубројни, оти се намалија и во неа беа придојдени, и преминуваа од народ кон народ и од едно царство кон друго племе; но не дозволи никому да ги навредува и ги изобличуваше заради нив царевите: ‚не допирајте се до Моите помазаници и не правете им зло на Моите пророци.‘ Пеј Му на Господа, цела земјо, благовестете го од ден во ден спасението Негово. Разгласувајте ја меѓу незнабошците славата Негова, и меѓу сите луѓе чудесата Негови, зашто Господ е голем и многу треба да Го хвали, пострашен од сите богови. Оти сите богови на народите се ништо, а Господ ги создаде небесата. Слава и величие пред лицето Негово, сила и радост во Неговото Свето место. Воздајте Му на Господа, племиња народни, воздајте Му на Господа слава и чест. Воздајте Му ја на Господа славата на името Негово. Замете дар, одете пред лицето Негово, поклонете Му се на Господа со влелепие во светлината Негова. Трепери пред Него, цела земјо, зашто Он ја основа вселената, и таа нема да се разниша. Нека се веселат небесата, да торжествува земјата, и нека се вели меѓу народите: ‚Господ царува!‘ Нека се бранува морето и сѐ што го исполнува, да се радува полето и сѐ што е на него. Да ликуваат заедно сите дрвја во дубравите пред лицето на Господа, зашто Он доаѓа да ја суди земјата. Славете Го Господа, зашто милоста Му е засекогаш, и речете: ‚Спаси нѐ, Боже, Спасителе наш! Собери нѐ и избави нѐ од народите, за да го славиме Твоето свето име и да се фалиме со Твојата слава!‘ Благословен Господ, Бог Израилев, отсекогаш и засекогаш!« И сиот народ рече: »Амин, алулуја!« Давид ги остави таму, пред Ковчегот на Заветот Господов, Асафа и браќата негови, за да служат пред Ковчегот постојано, секој ден, Авдедон и браќате негови, шеесет и осум души; Авдедом, син Идитунов, и Оса – за вратари; а свештеникот Садок и браќата негови свештеници ги остави пред Господовиот дом, што беше на висината на Гаваон, за да принесуваат жртви на Господа врз жртвеникот за сепаленици постојано – наутро и навечер, и за сѐ што е пишано во законот на Господа, што Он му го даде на Израилот; и со нив Емана и Идитума и другите избраници, кои беа именувани посебно, за да Го слават Господа, зашто милоста Негова е засекогаш. Со нив Емана и Идитума да Го слават Бога, свирејќи со труби и кимвали и со разни свирки; а синовите Идитумови ги постави при вратата. Потоа се разотиде сиот народ, секој во домот свој; си отиде и Давид, за да го благослови својот дом. Кога Давид живееше во својот дом, му рече на пророкот Натана »Еве, јас живеам во кедров дом, а ковчегот на заветот Господов е под шатор.« А Натан му одговори на Давида: »Врши сѐ што ти е на срце, зашто Господ е со тебе.« Но во истата ноќ му дојде словото Божјо на Натана: »Оди и кажи му на слугата Мој Давида: вака вели Господ: ‚Ти нема да ми изградиш дом, каде што ќе живеам, зашто Јас не сум живеел во дом од денот кога ги изведов синовите Израилеви, и до денес, а одев од шатор во шатор и од живеалиште во живеалиште. Каде и да одев со сиот Израил, му реков ли, макар и збор, на некого од судиите Израилски, на кои им бев заповедал да му бидат пастири на Мојот народ: »зошто не ми изградите кедров дом?«‘ И сега вака кажи му на Мојот слуга Давид: вака вели Господ Саваот: Те зедов од овчото стадо, за да те направам водач на Мојот народ Израилот; бев со тебе секогаш, каде и да одеше, ги поразив сите твои непријатели пред лицето твое и го направив името твое како името на големите по земјата; подготвив место за Мојот народ Израилот, го зацврстив, и тој ќе живее спокојно на своето место, и нема повеќе да го вознемируваат, нечестивите нема повеќе да го притискаат, како порано, во оние дни, кога Јас бев поставил судии над Мојот народ Израилот, и Јас бев ги смирил сите твои непријатели, и те известив, дека Господ ќе ти изгради дом. Кога ќе се исполнат твоите дни, и ти ќе се прибереш кај татковците свои, тогаш ќе го подигнам твоето семе по тебе, што ќе биде од синовите твои, и ќе го зацврстам царстово негово. Тој ќе Ми изгради дом, и ќе го утврдам престолот негов засекогаш. Јас ќе му бидам татко, и тој ќе Ми биде син, и милоста Своја нема да ја кренам од него, како што ја кренав од оној што беше пред тебе. ќе го поставам во Мојот дом и во Моето царство засекогаш, престолот негов ќе биде вечно цврст.« Сите тие зборови и целото видение Натан точно му ги раскажа на Давида. Цар Давид дојде, застана пред лицето Господово и рече: »Кој сум јас, Господе Боже, и што е мојот дом, та толку ме подигна? Но и тоа се покажа малку во Твоите очи, Боже; ти навестуваш за домот на Твојот слуга далечна иднина и гледаш на мене како на голем човек, Господи Боже! Што уште може да прибави пред Тебе Давид, за да се возвеличи Твојот слуга? Ти го знаеш Својот слуга! Господи, за Твојот слуга, според срцето Свое, Ти ги вршиш сите тие големи дела, објавувајќи го ова сето величие. Господи, по сѐ она што го чув со ушите свои, сличен на Тебе нема и нема Бог освен Тебе. И кој е сличен на Твојот народ Израилот, единствен народ на земјата, кај кој доаѓал Бог, да го искупи за својот народ, за да се здобие со име на големи и страшни дела, – преку прогонување на народите од лицето на Својот народ, кој го спаси од Египет Ти. Ти го направи Твојот народ Израилот Свој сопствен народ засекогаш и Ти, Господи, стана негов Бог. И така, сега, о Господи, утврди го засекогаш словото, што си му го кажал на Твојот слуга и за неговиот дом, и направи, според она како што си кажал. Нека се зацврсти и нека се возвеличи Твоето име засекогаш, за да велат: ‚Господ Саваот, Бог Израилев, е Бог на Израилот‘, и домот на Твојот слуга Давида да биде цврст пред Твоето лице. Зашто Ти, Боже мој, му јави на Твојот слуга, дека ќе му изградиш дом, та затоа и Твојот слуга се осмели да се моли пред Тебе. И сега, Господи, Ти си Бог, и Ти го вети за Твојот слуга тоа добро. Почни, пак, да го благословуваш домот на Твојот слуга, за да биде вечен пред Твоето лице; зашто, ако Ти, Господи, ги благословиш, ќе биде благословен засекогаш.« Потоа Давид ги порази Филистејците и ги покори, па го презеде Гет и нему потчинетите градови од рацете на Филистејците. Тој ги порази и Моавците, и Моавците станаа робови на Давида и му даваа данок. Давид го порази и сувскиот цар Адраазар во Емат, кога тој одеше да ја утврди власта своја при реката Еуфрат. И зеде Давид од него илјада коли, седум илјади коњаници и дваесет илјади пешаци; и ги уништи Давид сите коли, оставајќи од нив само сто. Дамаските Сиријци сакаа да му дојдат на помош на сувскиот цар Адраазара, но Давид порази двесте и две илјади Сиријци. Давид постави стража во Сирија Дамаска, и Сиријците му станаа на Давида робови и му плаќаа данок. Така му помагаше Господ на Давида секогаш, каде и да одеше. Давид ги одзеде златните штитови, што ги носеа Адраазаровите слуги, и ги донесе во Ерусалим. А од Метавет и од избраните Адраазарови градови, Давид однесе мошне многу бакар. Од него Соломон ги направи бакарното море и столбовите, и бакарните садови. Кога чу за тоа ематскиот цар Тоа, дека Давид ја поразил целата војска на сувскиот цар Адраазар, го испрати синот свој Адурама при царот Давида, да го поздрави и да му благодари, поради тоа што војувал со Адраазара и го поразил – зашто Тоа беше во војна со Адраазара, – и по него испрати секакви садови златни, сребрени и бакарни. Царот Давид му ги посвети на Господа, заедно со среброто и златото, што го беше одзел од сите народи: Идумејците, Моавците, Амонитите, Филистејците и Амаликијците. И Саруевиот син Авеса во Солената Долина порази осумнаесет илјади Идумејци; и постави во Идумеја стража, и сите Идумејци му станаа робови на Давида. Господ му помагаше на Давида секогаш, каде и да одеше. И царуваше Давид на сиот Израил и делеше суд и правда на сиот народ свој. Јоав, Саруевиот син, беше војвода над војската, а Јосафат, Ахилудовиот син – летописец, Садок, синот Ахитов, и Авимелех, синот Авијатаров, беа свештеници, а Суса – писар, Ванеја, синот Јодаев, беше над Хетејците и Фелетејците, додека синовите Давидови беа први при царот. Потоа умре Нас, цар амонитски, и место него стана цар синот негов. Тогаш Давид рече: »Ќе покажам милост кон Анона, Насовиот син, заради доброто, што ми го направи таткото негов.« И Давид испрати пратеници да го утешат за татка му. Давидовите слуги дојдоа во земјата Амонитска при Анона, за да го утешат. Но амонитските кнезови му рекоа на Анона; »Зар мислиш, дека поради почит кон татка ти Давид испрати при тебе утешители? Зар слугите негови не дошле при тебе за да разузнаат и да ја разгледаат земјата, та да ја завладеат?« Тогаш Анон ги фати слугите Давидови и ги избричи и им ја потсече облеката до половина, до крстот, и ги испрати. И тие си отидоа. Кога му соопштија на Давида за тие луѓе, тој испрати да ги пречекаат, бидејќи беа необично многу обезличени, за да им кажат од царот: »Останете во Јерихон, додека да ви пораснат брадите, тогаш вратете се!« Кога Амонитите видоа, дека му станале омразни на Давида, тогаш Анон и Амонитите испратија илјада таланти сребро, за да најмат коли и коњаници од Сирија Месопотамиска, од Сирија Махова и од Сува. И најмија триесет и две илјади коли и царот Маха со народот негов, кои дојдоа и се улогорија спроти Медева. Се собраа и Амонитите од градовите свои и излегоа на војна. Кога Давид чу за тоа, го испрати Јоава со сета војска – јунаци. Амонитите излегоа и се наредија за борба пред градските порти, а царевите, што беа дошле, – одделно во полето. Јоав, откако виде, дека му претстои борба однапред и одзади, ги одбра сите избрани војници во Израилот и ги нареди спроти Сиријците. А другиот дел од народот му го довери на братот свој Авеса, за да се распореди спроти Амонитите. И тогаш рече: »Ако Сиријците почнат да ме надвиваат, ќе ми помогнеш ти; ако, пак, Амонитите почнат да те надвиваат тебе, јас ќе ти помогнам. Биди храбар, и да стоиме цврсто за нашиот народ и за градовите на нашиот Бог, и Господ нека направи, како што Му е угодно.« И влезе Јоав и луѓето, што беа со него, во борба со Сиријците, и тие избегаа од него. Амонитите, пак, штом видоа, дека Сиријците бегаат, избегаа и тие од братот негов Авеса, и навлегоа во градот. Тогаш Јоав си отиде во Ерусалим. Сиријците, откако видоа, дека се победени од Израилците испратија пратеници и ги изведоа Сиријците, што беа од онаа страна на реката; ги предводеше Софак, воен првоначалник Адраазаров. Кога му соопштија за тоа на Давида, тој ги собра сите Израилци, го преминаа Јордан и, откако дојде кај нив, се распореди спроти нив. И влезе Давид во борба со Сиријците, и тие се судрија со него. И Сиријците избегаа од Израилците, и Давид им уништи седум илјади коли на Сиријците, и четириесет илјади пешаци, а воениот првоначланик Софака го уби. Кога видоа луѓето Адраазарови, дека Израилците ги поразија, со Давида склучија мир и му се потчинија. И Сирјиците не сакаа повеќе да им помагаат на Амонитите. По една година, во времето, кога царевите излегуваа во војна, Јоав ја изведе војската и почна да ја опустошува Амонитската земја, и отиде, па ја опседна Рава. А Давид беше останал во Ерусалим. Јоав ја освои Рава и ја разруши. И го зеде Давид венецот на царот нивни од главата негова; во него се најде талант злато на мерка, и скапоцени камења имаше на него; му го ставија на главата на Давида. И прилично голем плен изнесоа од градот. А луѓето, што беа во него, ги изведушаше и ги сотираше со триони, со железни чекани и секири. Така постапи Давид со амонитските градови; па се врати Давид и сиот народ во Ерусалим. Потоа почна војна со Филистејците во Газер. Тогаш Совохај Хуситецот го уби Сафута, еден од Рефаимовите потомци. И тие се смирија. И пак имаше војна со Филистејците. Тогаш Елеанин, синот Јаиров, го уби Лаомија, Голијатовиот брат, Гетеец, во кого дршката на копјето беше колку ткаечко кросно. Имаше борба и во Гет. Таму имаше еден човек со голем раст, на кого прстите му беа по шест – сѐ двесет и четири. И тој беше од Рефаимовите потомци. Тој го навредуваше Израилот, но Јонатан, син на Давидовиот брат Самаја, го уби. Тие се беа родиле од Рефаимовците во Гет, и паднаа од раката на Давида и од рацете на слугите негови. Се крена сатаната против Израилот и го поттикна Давида да ги преброи Израилците. И Давид му рече на Јоава и на началниците народни: »Одете, пребројте ги Израилците од Вирсавија до Дан, и соопштете ми за да го знам бројот нивни.« Јоав рече: »Да го намножи Господ народот Свој стопати повеќе, отколку што е! Сите тие, господаре мој, царе, нели се слуги на мојот господар? Зошто го сака тоа мојот господар? Зошто тоа да се запише како грев на Израилот?« Но царскиот збор надвладеа над Јоава. И отиде Јоав, та го обиколи сиот Израил, и дојде во Ерусалим. И му даде Јоав на Давида список на преборениот народ. Сите Израилци беа илјада илјади, и сто илјади мажи мечоносци, и Јудејци четиристотини и седумдесет илјади мечоносци. А левитите и Венијаминовите не ги преброи со нив, зашто царскиот збор му беше одвратен на Јоава. Тоа нешто не беше угодно во очите на Бога, и Он го порази Израилот. И Давид Му рече на Бога: »Многу згрешив, што го направив тоа. Сега прости му ја вината на Твојот слуга, зашто постапив многу неразумно.« И му рече Господ на Гада, јасновидецот Давидов: »Оди и кажи му на Давида: вака вели Господ: Тие казни ти предлагам; избери си една од нив, и Јас ќе ја испратам врз тебе.« Дојде Гад при Давида и му рече: »Така вели Господ избери си: ‚или три години глад, или три месеци да бидеш прогонуван од твоите непријатели, и мечот на твоите непријатели да се допира до тебе; или три дена мечот Господов и помор по земјата и Ангел Господов да убива по сите предели на Израилот.‘ И така, види што да Му одговорам на Оној, Кој ме испрати со овие зборови.« Давид му одговори на Гада: »Многу ми е тешко, но подобро да паднам во рацете на Господа, зашто милосрдието Негово е многу големо; само да не паднам во рацете човечки.« И испрати Господ помор на Израилот, и умреа седумдесет илјади души Израилци. Па го испрати Господ Ангелот во Ерусалим, за да го истребува. И кога почна да го истребува, Господ виде и се покаја порати тоа зло, и му рече на Ангелот истребител: »Доста! Сега спушти ја раката своја!« А Ангелот тогаш стоеше над гумното на Јевусеецот Орна. Давид ги крена очите и го виде Ангелот Господов како стои меѓу небото и земјата со гол меч во раката негова, протегнат над Ерусалим; и падна Давид ничкум и старешините, покриени со вреќишта. И Му рече Давид на Господа: »Нели јас наредив да го пребројат народот? Јас згрешив, јас направив зло, а овие овци што направиле? Господи, Боже мој! Нека биде Твојата рака врз мене и врз мојот татков дом, а не врз Твојот народ, за да го погубиш.« И Ангелот Господов му рече на Гада, за да му каже на Давида: »Нека дојде Давид и нека постави жртвеник на Господа врз гумното на Јевусеецот Орна.« Давид отиде, според зборовите на Гада, кој му говореше од името Господово. Орна се сврти, го вида Ангелот, и четворицата синови негови се сокрија со него. Орна тогаш вршеше пченица. Дојде Давид при Орна. Орна, откако погледа и го вида Давида, излезе од гумното и му се поклони на Давида ничкум до земја. Давид му рече на Орна: »Дај ми го местото на гумново, јас ќе изградам на него жртвеник на Господа; дај ми го за онолку колку што чини, за да се прекине истребувањето на народот.« Орна му одговори на Давида: »Земи го: нека мојот цар-господар прави што му е волја; еве, ги давам и воловите за сепаленици, и плуговите дрвени, и пченицата – за принос; сето тоа го давам како дар.« Царот Давид му рече на Орна: »Не, јас сакам да го купам тоа од тебе за онолку колку што чини, зашто нема да Му принесувам на Господа твој имот и нема да принесувам сепаленици од нешто, земено како подарок.« И Давид му даде на Орна за она место шестотини сикли злато. Па изгради Давид таму жртвеник на Господа и Му принесе сепаленици и мирни жртви; и Го призва Господа, и Он го послуша, испраќајќи оган од небото врз жртвеникот за сепаленици. Тогаш Господ му рече на Ангелот: »Врати го мечот свој во ножницата негова!« Во тоа време Давид, откако виде дека Господ го послуша на гумното на Јевусеецот Орна, таму принесе жртва. А Господовата скинија, што беше ја направил Мојсеј во пустињата, и жртвеникот за сепаленици во тоа време се најдоа на Гаваонската висина. И Давид не можеше да оди таму, за да Го побара Бога, зашто беше уплашен од мечот на Ангелот Господов. И рече Давид: »Еве го домот на Господа Бога, еве го и жртвеникот за сепаленици на Израилот.« Па заповеда Давид да ги соберат придојдените, што беа во земјата Израилска и одреди каменоделци да делкаат камења за изградба на дом Божји. Давид подготви уште многу железо за шајки по крилата на вратите и за куки, и многу бакар – без мерка, и кедрово дрво без број, зашто Сидонците и Тирците му доставија на Давида многу кедрово дрво. И рече Давид: »Синот мој Соломон е млад и слаб, а домот, што ќе се гради за Господа, треба да биде многу величествен, за слава и за приказ по сите земји; затоа јас ќе му приготвам сѐ што треба за него.« И приготви Давид до смртта своја многу. И го повика синот свој Соломон и му заповеда да изгради дом на Господа, Бога Израилев. И му рече Давид на Соломона: »Сине, имав на срце да изградам дом на името на мојот Господ, Бог, но би кон мене словото Господово и ми се рече: ‚Ти си пролеал многу крв и си водел големи војни; ти не бива да градиш дом на името Мое, зашто си пролеал многу крв на земјата пред лицето Мое. Еве, ќе ти се роди син: тој ќе биде мирен човек; ќе му дадам спокојство од сите околни напријатели, затоа името негово ќе биде Соломон. Во неговите дни ќе му дадам на Израилот мир и спокојство. Тој ќе изгради дом на името Мое и ќе ми биде син, а Јас нему – татко, и така ќе го зацврсти престолот на царството негово над Израилот довека.‘ А сега, сине, Господ нека биде со тебе, та да имаш благослов и да Му изградиш дом на Господа, твојот Бог, според тоа како што Он рече за тебе. Да ти даде Господ мудрост и разум и да те постави над Израилот; и запази го законот на Господа, твојот Бог! Така ќе имаш успех, кога ќе земеш да ги извршуваш наредбите и законите, што Господ му ги заповеда на Мојсеја за Израилот. Биде цврст и храбар, не плаши се и не паѓај со духот! И еве, јас при скудноста своја приготвив за домот Господов сто илјади таланти злато, илјада таланти сребро, а бакарот и железото мерка немаат, зашто се во големи количин; дрва и камења исто така подготвив, а ти придодај уште кон тоа. Имаш многу работници, и каменоделци, и резбари, и дрводелци, и вешти луѓе за секаква работа. Злато, сребро, бакар и железо – без број; продолжи и работи; Господ ќе биде со тебе.« И им заповеда Давид на сите кнезови израилски да му помагаат на синот негов Соломона: »Зар не е со вас Господ, Бог наш, Кој ви даде спокојство од секаде? Оти Он ги предаде во мои раце жителите на оваа земја, и земјата се покори пред Господа и пред Неговиот народ. И така, расположете го срцето свое и душата своја, за да Го побарате Господа, вашиот Бог. Станете и изградете светилиште на Господа Бога, за да го пренесете ковчегот на заветот Господов и свештените садови Божји во домот, што ќе се гради на името Господово!« Кога остаре и се засити од животот, Давид го постави за цар над Израилот синот свој Соломона. И ги собра сите кнезови израилски, свештениците и левитите; а левитите од триесет години и нагоре беа преброени: бројот нивни, на сите до еден, беше триесет и осум илјади души. Од нив беа определени за работа во домот Господов дваесет и четири илјади, писари и судии – шест илјади, четири илјади вратари и четири илјади, оние што ќе Го слават Господа со свирки, направени од Давида за прославување на Господа. И ги раздели Давид на смени според Левиевите синови – Гирсона, Ката и Мерарија. Од Гирсоновите беа: Ладан и Семеј. Синови Ладанови: прв Јеил, Зетам и Јоил – тројца. Синови Семееви: Саломит, Азиил и Арам – тројца. Тие беа Ладанови родовски старешини. А и уште синовите Семееви: Јет, Зизај, Јоас, Верија. Тоа беа синови Семееви – четворица. Јед беше главен, Зизај втор; Јоас и Верија имаа малку деца, затоа беа приброени со татковиот дом. Синовите Катови: Амврам, Исар, Хеврон и Озил – четворица. Синовите Амврамови: Арон и Мојсеј. Арон беше определен да биде посветен при Свјатаја Свајтих довека, тој и синовите негови, за да кадат пред лицето на Господа, да Му служат и да го благословуваат Неговото име довека. А Мојсеј, човек Божји, и синовите негови беа придодадени кон Левиевото племе. Синови Мојсееви: Гирсон и Елиезер. Синови Гирсонови: прв беше Суваил. Синови Елиезерови беа: прв Равија. Други синови Елиезер немаше; а Равија имаше многу синови. Синови Исахарови: прв Салумот. Синови Хевронови: прв Јериав, втор Амарија, трет Јазиил и четврти Језекија. Синови Озиилови: прв Миха и втор Јесија. Синови Мерариеви: Моли и Муси. Синови Молиеви: Елеазар и Кис. Елеазар умре и немаше синови, туку само ќерки; и се оженија со нив синови Кисови, нивни братучеди. Синови Мусиеви: Моли, Едер и Јаримот – тројца. Тоа беа синовите Левиеви според домовите на татковците нивни, глави на домовите, што беа преброени поименично, сите до еден, а кои ги вршеа службите во домот Господов, од дваесет години нагоре. Зашто Давид рече: »Господ, Бог Израилев, му даде мир на својот народ и го насели во Ерусалим засекогаш, та левитите нема да имаат потреба да ја носат скинијата и секакви нејзини предмети за служење во неа.« Затоа, според последните Давидови заповеди, беа преброени левитите од дваесет години и нагоре, за да бидат при синовите Аронови, да служат во домот Господов, во дворот и во тремовите, да пазат на чистота во целото светилиште и да вршат секоја служба во Божјиот дом; да ги надгледуваат лебовите на предложението, пченично брашно за лебен принос, пресни пити, сѐ печено и пржено и над сите мерки и тежини; да почнуваат секое утро да благодарат и да Го славословат Господа, како и навечер, при сите сепаленици, принесувани на Господа во саботни дни, во новомесечијата и во празниците според бројот, како што е заповедано за нив, – постојано пред лицето на Господа, – и да ја пазат скинијата на сведоштвото, светилиштето и синовите Аронови нивни браќа, при службите во домот Господов. Еве го и распоредот на синовите Аронови: Ароновите синови: Надав, Авиуд, Елеазар и Итамар. Надав и Авиуд умреа пред таткото свој, а синови немаа, затоа свештенодејствуваа Елеазар и Итамар. И Давид ги распореди: Садока – од синовите Елеазарови, и Авимелеха – од синовите Итамарови, според редот на службите нивни. И се најде, дека меѓу синовите Елеазарови имаше повеќе старешини, отколку меѓу синовите Итамарови. И тој ги распореди вака: од синовите Елеазарови – шеснаесет старешини, а од синовите Итамарови – осум. А ги распоредуваше со жреб, зашто старешините во светилиштето и старешините пред Бога беа од синовите Елеазарови и од синовите Итамарови; и ги запиша Семаја, синот Натанаилов, писар од левитите, пред лицето на царот и кнезовите и пред свештениците Садока и Авимелеха, Авијатаровиот син, и пред старешините на свештеничките и левитските домови: кога се фрлаше жреб, зедоа еден од Елеазаровиот род, потоа зедоа еден од Итамаровиот род. Првиот жреб падна на Јоарима, вториот за Једија, третиот – за Харива, четвртиот – за Сеорима, петтиот – за Мелхија, шестиот – за Мејамина, седмиот – за Акоса, осмиот – за Авија, деветтиот – за Јисуја, десеттиот за Сехенија, единаесеттиот – за Елијасива, дванаесеттиот – за Јакима, тринаесеттиот – за Офаја, четиринаесеттиот – за Јасваја, петнаесеттиот – за Велгија, шеснаесеттиот – за Емира, седумнаесеттиот – за Езира, осумнаесеттиот – за Афисиса, деветнаесеттиот – за Фетија, дваесеттиот – за Језекиила, дваесет и првиот – за Јахина, дваесет и вториот – за Гамуила, дваесет и третиот – за Далеја, дваесет и четвртиот – за Леила. Тоа беше нивниот ред при службата нивна за доаѓање во домот Господов, според наредбата за нив, наредено од таткото нивни Арона, како што му беше заповедал Господ, Бог Израилев. Кај другите Левиеви синови распоредот беше: од синовите Амврамови – Соваил; од Соваиловите синови – Јадаја; од Равинија синот Јесија беше прв; од Исахара – Соломот; од Соломотовите синови – Јад; од синовите Јетови, прв беше Јериј, втор – Амадија, трет Јазиил, четврти – Јекмоам. Од Озииловите синови – Миха; од Миховите синови – Самир. Брат на Миха беше Исија; од Исиевите синови – Захарија. Од синовите Мерариеви – Моли и Муси; од синовите Озиини – Ваниј. Синови Мерариеви од Озија – Јесом, Закхур и Јовди. Од Молија – Елеазар: тој немаше синови. Од Киса и од синовите Кисови – Јерамеил; синови Мусиеви – Моли, Едер и Јеримот. Тоа беа синовите левитски според поколенијата нивни. И тие фрлија жреб заедно со браќата свои, Аронови синови, пред лицето на царот Давида и Садока и Авимелеха и старешините на свештеничките и левитските редови: старешината на родот заедно со помалиот брат свој. Царот Давид и војводите ги одделија за служба синовите Асафови, Еманови и Идетунови, за да пеа песни на гусли, псалтири и кимвали; беа одредени за работа во службата своја: од синовите Асафови: Закхур, Јосиф, Нетанија и Асиила, синови Асафови, под раководство на Асафа, пророкот, кој беше близу до царот. Од Идитума – синовите Идитумови: Годолија, Сури, Исеја, Семеј, Асавија и Мататија, шестимна, под раководство на татка си Идитума, кој свиреше на гусле, за слава и хвала на Господа. Од Емана – синовите Еманови: Вукуја, Матанија, Озиил, Суваил, Јеримот, Ананија, Ананиј, Елијат, Годолатиј, Ромаматиј – Езер, Савах, Малатиј, Отир, и Мазиот. Сите тие беа синови на Емана, царскиот јасновидец, определини според зборовите Божји, да ја вознесуваат славата. Бог му беше дал на Емана четиринаесет синови и три ќерки. Сите тие, под водство на татка си пееја во домот Господов на кимвали, псалтири и гусли при службата во домот Божји според упатството од царот, или од Асафа, Идутина и Емана. Бројот нивни, заедно со браќата нивни, обучени да пеат пред Господа, на сите што ја знаеја таа вештина беше двесте осумдесет и осум. А фрлија и жреб за смените на службата, малите заедно со големите, учителите заедно со учениците. Првиот жреб падна на Асафа за Јосифа; вториот – на Годолија со браќата негови и синовите негови; тие беа дванаесет; третиот – на Закхура со синовите негови и браќата негови; тие беа дванаесет; четвртиот – на Језриј со синовите негови и браќата негови; а тие беа дванаесет; петтиот – на Нетанија со синовите негови и браќата негови; тие беа дванаесет; шестиот – на Вукија со синовите негови и браќата негови; тие беа дванаесет; седмиот – на Јернил со синовите негови и браќата негови; тие беа дванаесет; осмиот – на Јосија со синовите негови и браќата негови; и тие беа дванаесет; деветтиот – на Матанија со синовите негови и браќата негови; и тие беа дванаесет; десеттиот – на Семеја со синовите негови и браќата негови; сите заедно дванаесет; единаесеттиот – на Азраила со синовите негови и браќата негови; и тие беа дванаесет; дванаесеттиот – на Асавиај со синовите негови и браќата негови; тие беа дванаесет; тринаесеттиот – на Суваила со синовите негови и браќата негови; сите заедно дванаесет; четиринаесеттиот – на Мататија со синовите негови и браќата негови; и тие беа дванаесет; петнаесеттиот – на Јеримота со синовите свои и браќата свои; тие беа дванаесет; шеснаесеттиот – на Ананија со синовите негови и браќата негови; и тие беа дванаесет; седумнаесеттиот – на Јесвака со синовите негови и браќата негови; тие беа дванаесет; осумнаесеттиот – на Ананија со синовите негови и браќата негови; сѐ дванаесет; деветнаесеттиот – на Мелитија со синовите негови и браќата негови; и тие беа дванаесет; дваесеттиот – Елијата со синовите негови и браќата негови; вкупно дванаесет; дваесет и првиот – на Јетира со синовите негови и браќата негови; тие беа дванаесет; дваесет и вториот – на Годолатија со синовите негови и браќата негови; тие беа дванаесет; дваесет и третиот – Меазота со синовите негови и браќата негови; тие беа дванаесет; дваесет и четвртиот – на Рометиезера со синовите негови и браќата негови; и тие беа дванаесет. Еве го распоредот на вратарите: од Кореевците: Моселемија, Кореев син, од синовите Асафови. Синови Моселемиеви: првороден Захарија, втор – Јадиил, трет – Завадија, четврти – Јатанаил, петти – Олам, шести – Јонатан, седми – Елионај. Синови Авдедови: првороден Самија, втор – Јозават, трет – Јоат, четврти – Сахар, петти – Ротануил, шести – Амиил, седми – Исахар, осми – Фелатиј, зашто Бог го беше благословил. На синови негов Самија му се родија исто така синови, кои беа началници во родот свој, бидејќи беа мажи силни. Синови Семееви: Отни, Рафаил, Овид и Елзавад, и Јахија и неговите браќа, мажи храбри: Елија, Савахија и Исваком. Сите тие беа од синовите на Авдедома; тие и синовите нивни и браќата нивни беа мажи погодни и за служба способни: Авдедом ги имаше шеесет и двајца. Моселемиј имаше синови и браќа, мажи способни – осумнаесет. Осиј, од синовите Мерариеви, ги имаше синовите: Симриј, старешина, иако не беше првенец, но татко му го беше поставил за старешина; втор – Хелкија, трет, – Тавелија, четврти – Захарија; сите синови и браќа на Оса беа тринаесет. Тоа беше распоредот на вратарите според старешините на родовите, способни за служба заедно со браќата свои, за да служат во домот Господов. Тие фрлија жреб, како малиот, така и големиот, според домовите на своите татковци, за секоја врата. Жребот за источната му се падна на Селимија; фрлија жреб и за синот негов Захарија, умен советник, и жребот му се падна за северната. На Авдедома – за јужната, а на синовите негови – при ризниците. На Есефеима и на Оса на запад при Салехетската врата, каде што патот се издига угоре и каде што стои стража спроти стража. Кон исток имаше по шестмина левити, кон север – по четири, кон југ – по четири, а при ризниците – по двајца. Кон запад на патот при тремот – по четири, а при самиот трем – по двајца. Тоа беше распоредот на вратарите од синовите Корееви и синовите Мерариеви. А браќата нивни левитите ја надгледуваа ризницата на домот Божји и на ризницата на посветените работи. Меѓу синовите на Ладана, Гирсонов син, меѓу старешините на домовите од Ладана Гирсонски, беше Јехиел. И синовите Јехиелови: Земет и братот му Јоил ја надгледуваа ризницата на Господовиот дом, заедно со потомците на Амврама, Исара, Хеврона и Озиила. Суваил, син на Герсона, Мојсеев син, беше старешина на ризниците. Брат му Елиезер имаше син Равија, а тој – син Јосија, а тој – син Јорам, а тој – син Зехриј, а тој – син Саломот. Саломот и браќата негови ги надгледуваа сите ризници на светите работи, што ги беше посветил царот Давид и кнезовите и илјадниците, стотниците, и војводите на војската. Од војните и од пленот тие посветуваа за одржување на домот Господов. И сѐ, што беше посветил Самуил пророкот, и Саул, синот Кисов, и Авенир, синот Ниров, и Јоав, синот Саруев, сето посветено беше под рацете на Саломота, и браќата негови. Од родот Исаров: Хонанија и синовите негови беа одредени за надворешна служба во Израилот, за писари и судии. Од родот Хевронов: Асавија и браќата негови, храбри мажи, илјада и седумстотини, имаа надзор над Израилот, од оваа страна на Јордан, кон исток, за сите работи во службата Господова и во царската служба. Во родот Хевронов Урија беше началник на Хевроновците, во нивните родови, во поколенијата нивни. Тие беа преброени во четириесеттата година од Давидовото царување, и меѓу нив се најдоа јунаци мажи во Јазир Галадски. И браќата негови, мажи способни, две илјади и седумстотини, беа началници на домовите. Нив ги постави царот Давид над племето Рувимово и Гадово и полуплемето Манасиево за сите Божји и царски работи. Еве ги синовите Израилеви според нивниот број, начланици на родовите, илјадниците, стотниците и управителите, кои по одделенија му служеа на царот во сите работи, доаѓајќи и заминувајќи секој месец, во текот на сите месеци во годината. Во секое одделение тие беа по дваесет и четири илјади. Над првото одделиние, за првиот месец, началник беше Извоаз, син Завидиилов; во одделението негово имаше дваесет и четири илјади; тој беше од Фаресовите синови и началник над сите војводи во првиот месец. Над одделинието за вториот месец беше Додај, Екхотецот; во одделението негово беше и кнезот Макелот; и во неговото одделение имаше дваесет и четири илјади. Третиот главен воен началник, за третиот месец, беше Ванеја, син на свештеникот Јодаја; и во неговото одделиние имаше дваесет и четири илјади; тој, Ванеја, беше еден од триесетте јунаци и нивни началник, и во неговото одделиние се наоѓаше синот негов Завад. Четвртиот, за четвртиот месец, беше Асаил, Јоавав брат, и по него синот негов Завадија; и во неговото одделение имаше дваесет и четири илјади. Петтиот, за петтиот месец, беше кнезот Самаот, син Језраев; и во неговото одделение имаше дваесет и четири илјади. Шести, за шестиот месец, беше Одуј, Екисов син, Текуец; и во неговото одделение имаше дваесет и четири илјади. Седми за седмиот месец, беше Хелис, Фалусјанин, од Ефремовите синови; и во неговото одделиние имаше дваесет и четири илјади. Осми, за осмиот месец, беше Совохај, Усатитјанин од Зараевиот род; и во неговото одделение имаше дваесет и четири илјади. Деветти, за деветтиот месец, беше Авиезер, од Анатот, од синовите Венијаминови; и во неговото одделиние имаше дваесет и четири илјади. Десетти, за десеттиот месец, беше Махрај, Нетофатец, од Зараевиот род; и во неговото одделение имаше дваесет и четири илјади. Единаесетти, за единаесеттиот месец, беше Ванеја, од Фаратон, од синовите Ефремови; и во неговото одделение имаше дваесет и четири илјади. Дванаесетти, за дванаесеттиот месец, беше Холдиј, Нетофатец, од потомците Готониилови; и во неговото одделение имаше дваесет и четири илјади. А над Израилевите колена кнезови беа: во Рувимовото – Елиезер, син Зехриев; во Симеоновото – Сафатија, син Мехиев; во Левиевото – Асавија, син Кемуилов; во Аронотвото – Садок; во Јудиното – Елијав, од Давидовите браќа; во Исахаровиот – Амри, Михаилов син; во Завулоновото – Самаија, Авдиев син; во Нефталимовото Јеримот, Озиилов син; во Ефремовото синови – Осиј, Азазиев син; на полуплемето Манасиево – Јоил, Фадеев син; во полуплемето Манасиево во Галад – Јадај, Завадиев син; во Венијаминовото – Јасиил, Авениров син; во Дановото – Азариил, Јорамов син. Тоа беа водачите на Израилевите племиња. Давид не ги преброи оние ште беа од дваесет години и подолу, зашто Господ беше рекол, дека го умножи Израилот како ѕвездите небески. Саруевиот син Јоав го почна пребројувањето, но не го доврши, и гнев Божји дојде врз Израилот поради тоа пребројување, и тоа не влезе во летописите на царот Давида. Над царските сокровишта беше Асмот, Одилиев син, а над богатствата во полето, во градовите, во селата и во кулите – Јонатан, Озиев син; а над оние, што работеа полски работи, со земјоделие, беше Ездрај, Хелувов син; над лозјата – Семеј од Рама, а над визбите со вино во лозјата – Завдиј, син Сефамиев, над маслините и смоквите во полињата – Геторјанинот Валанан, а над одделенијата со елеј – Јоас; над крупниот добиток, што пасеше во Сарон – Саронецот Страј, а над добитокот во долините – Адаиновиот син Софат; над камилите – Исмаилецот Увиј; над ослите – Маротонецот Јадија; над ситниот добиток – Агаритецот Јоас. Сите тие беа началници над цар Давидовиот имот; Јонатан, Давидовиот стрико, беше советник, човек умен и писмен; и Јеил, Акаманиев син, беше при царските синови; Ахитофал беше царев советник; а Хусија – царев пријател; а по Ахитофела беа Јодај, син Ваниев, и Авијатар; Јоав, пак, беше прв царев војвода. Давид ги собра во Ерусалим сите израилски водачи, началници на племињата, началници на одделите, што му служеа на царот, илјадниците и стотниците и оние, што беа над сите имоти и стада на царот, синовите свои, дворјаните, војводите и сите храбри мажи. И стана цар Давид на нозе, па рече: »Чујте ме, браќа мои и народе мој! Ми беше на срце да изградам дом за почивка на Ковчегот на заветот Господов, за подножје на нозете на нашиот Бог, и по подготвив потребното за градење. Но Бог ми рече: ‚Не гради дом на името Мое, зашто си човек војник и крв си пролевал.‘ Меѓутоа, Господ, Бог Израилев, ме избра мене од целиот ми татков дом, за да бидам вечно цар над Израилот; зашто Он го избра Јуда за кнез, во домот на Јуда – домот на татка ми, а од синовите на таткото мој благоволи да ме постави мене за цар над сиот Израил а од сите мои синови, – зашто Господ ми даде многу синови, – Он го избра синот мој Соломона да седи врз престолот на Господовото царство над Израилот, и ми рече: ‚Синот твој Соломон ќе го изгради Мојот дом и Моите дворови, зашто сум Си го избрал за син, и ќе му бидам татко; и ќе го зацврстам царството негово засекогаш, ако тој постојано ги исполнува Моите заповеди и Моите наредби, како до денес.‘ И сега пред очите на сиот Израил, собрание Господово, и во ушите на нашиот Бог велам: пазете ги и држете ги сите заповеди на Господа, вашиот Бог, за да владеете со оваа убава земја и да ја оставите по себеси во наследство на децата свои засекогаш. И ти, сине Соломоне, да го познаваш Бога, твојот Татко, и да Му служиш од сѐ срце и со сета душа своја, зашто Господ ги испитува сите срца и ги знае сите движења на мислите. Ако Го бараш, ќе Го најдеш; ако Го оставиш, Он ќе те остави засекогаш. Внимавај! Штом Господ те избрал да Му изградиш дом за светилиште, биде храбар и работи.« Тогаш Давид му даде на синот свој Соломона нацрт за храмот и за зградите негови, за ќелиите негови, за горните соби негови и внатрешните соби негови и за домот на ковчегот, и нацрт за сѐ, што му беше на душата, за дворовите на домот Господов, за сите одделенија наоколу, за ризниците на Божјиот дом и за ризниците на посветените предмети, за свештеничките и левитските одделинија, за секаква работа при службата во домот Господов, за сите садови употребувани за служба во домот Господов, за златните предмети, со ознака на тежината, за секој сад, за сите сребрени предмети, со ознака на тежината на секој сад – потребен за служба. И даде злато за светилниците и за златните им кандилца, означувајќи ја тежината на секој светилник и неговото кандилце, исто така и за сребрените светилници, означувајќи ја тежината на секој светилник и неговите кандилца, според намената во служењето на секој светилник; даде злато за трпезите на лебовите за предложението, за секоја златна трпеза, и сребро за сребрените трпези, за виљушки, чаши и росилници од чисто злато, за златните чинии, со означување на тежината на секоја чинија, за сребрени чинии, ознака на тежината на секоја чинија; за кадилниот жртвеник од леано злато, со ознака на тежината, и за правење кола со златни херувими, со раширени крилја и надвиснати над ковчегот на заветот Господов. »Сето тоа е пишано од Господа«, велеше Давид, »како што ме вразуми по сите работи на планот.« И му кажа Давид на синот свој Соломона: »Биди храбар и мажествен и зафати се за работа; не плаши се и не бој се, зашто Господ Бог, мојот Бог, е со тебе: Он нема да отстапи од тебе и нема да те остави, додека не ја свршиш целата потребна работа за домот Господов. Еве ги одделите на свештениците и левитите за секоја служба при Божјиот дом. За секоја работа имаш ревносни мажи, искусни за секоја работа, и кнезовите и сиот народ се спремни за сите твои заповеди.« Тогаш царот Давид му кажа на целото собрание: »Синот мој, Соломон, единствениот, кого Бог го избра, е млад и нежен, а делото е големо, зашто таа зграда не е за човек, туку за Господа Бога. Со сите сили приготвив за домот на мојот Бог злато за златните работи, сребро за сребрените и бакар за бакарните, железо за железните и дрво за дрвените, мраморни камења и камења за украсување, камења убави и шарени, секакви скапи камења и многу мермер; и уште, од љубов кон домот на мојот Бог, што имам сопствено злато и сребро, и него го давам за домот на мојот Бог, посебно од сето она, што сум го приготвил за светиот дом: три илјади таланти злато, офирско злато, и седум илјади таланти чисто сребро за обложување на ѕидовите на зградите, за сите златни предмети, за сите сребрени и за сите изработки од искусни раце. Нема ли уште некој доброволно да жртвува денес за Господа?« Тогаш родолначалниците и кнезовите израилски, илјадниците и стотниците и царските економи почнаа да донесуваат доброволни прилози. И дадоа за уредување на Божјиот дом пет илјади таланти и десет илјади драхми злато, десет илјади таланти сребро, осумнаесет илјади таланти бакар и сто илјади таланти железо. И оние, што имаа скапоцени камења, ги даваа и нив во ризницата на домот Господов, во рацете на Геросонецот Јеила. И народот се радуваше на нивната сесрдност, зашто тие од сѐ срце жртвуваа за Господа, па и Давид многу се радуваше. Тогаш го благослови Давид Господа пред целото собрание и рече: »Благословен си, Господи Боже Израилев, отсекогаш и засекогаш! Твое е, Господи, и величието, и силата, и славата, и победата, и блесокот; и сѐ, што е на небото и на земјата, Твое е; Твое е, Господи, царството, Ти стоиш над сѐ одозгора како Владетел. Од Тебе е и богатството и славата; Ти владееш над сѐ, во Твојата рака е и силата и цврстината, и во Твоја власт е да кренеш и да зацврстиш сѐ. И сега, Боже наш, Те славословиме и го фалиме Твоето величествено име. Зашто, кој сум јас, и кој е мојот народ, та можеме да жртвуваме толку? Но од Тебе е сѐ, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме; зашто ние сме туѓинци пред Тебе и придојдени, како и сите наши татковци; нашите дни се како сенка на земјата, и нема ништо трајно. Господи, Боже наш! Сето ова богатство, што го приготвивме, за да Ти изградиме дом Тебе, на Твоето свето име, е од Твоја рака, и сѐ е Твое. Знам, Боже мој, дека Ти го испитуваш срцето и ја сакаш чистосрдечноста; јас со чисто срце го жртвував сето ова, и сега гледам, дека и Твојот народ, кој е собран тука, со радост жртвува за Тебе. Господи, Боже на Авраама, Исака и Израила нашите татковци, запази го тоа за секогаш, тоа расположение на срдечните мисли во Твојот народ, и управи го неговото срце кон Тебе. А на синот мој Соломона дај му праведно срце, за да ги запазува Твоите заповеди, Твоите откровенија и Твоите наредби, да го извршува сето тоа и да ја изгради зградата на Твојот дом, за која сум сѐ приготвил.« А на целото собрание Давид му рече: »Благословете Го Господа, нашиот Бог!« И целото собрание Го благослови Господа, Бога на татковците свои, па коленичеа и Му се поклонија на Господа и на царот. На другиот ден Му принесоа жртва на Господа, Му принесоа сепаленица на Господа: илјада телиња, илјада овни и илјада јагниња со преливните нивни, и многу жртви од сиот Израил. Па јадеа и пиеја пред Господа во тој ден со голема радост, и по вторпат го прогласија Соломона, синот Давидов, за цар и го помазаа пред Господа за врховен владетел, а Садока за прв свештеник. И седна Соломон на престолот Господов како цар, место татка си Давида и напредуваше, и сиот Израил му се покоруваше. И сите кнезови и војводи, како и сите синови на царот Давида му се покоруваа на царот Соломона. И Господ го возвеличи Соломона пред очите на сиот Израил и му дарува царска слава, каква што немаше пред него ниеден цар израилски. Давид, синот Јесеев, царуваше над сиот Израил. Тој царуваше над Израилот четириесет години: во Хеврон царуваше седум години, и во Ерусалим царуваше триесет и три години. Потоа умре тој во длабока старост, сит од животот, богатството и славата; место него стана цар неговиот син Соломон. Делата на цар Давида, првите и последните, се опишани во записите на јасновидецот Самуил, во записите на пророкот Натан и во записите на јасновидецот Гад, како и целото негово царување, јунаштвото негово и настаните, што се случија со него, со Израилот и со сите земни царства. Соломон, синот Давидов, се зацврсти во царството свое, и Господ, неговиот Бог, беше со него и го возвеличи високо. И му заповеда Соломон на сиот Израил да се соберат: илјадниците, стотниците, судиите и сите началници во сиот Изриал – старешините на домовите татковски. Па отидоа Соломон и целото собрание со него на ридот во Гаваон, бидеќи таму беше Божјата скинија на сведоштово, која Мојсеј, слугата Господов, ја беше подигнал во пустињата. Давид го беше пренел Божјиот ковчег од Киријат-Јарим на она место, што му го беше приготвил, откако направи за него скинија во Ерусалим. А бакарниот жртвеник, што го беше направил Веселеил, синот на Урија, Одов син, си остануваше таму пред синијата Господова; него го побараа Соломона и собранието. И таму пред лицето на Господа, врз бакарниот жртвеник, што беше пред скинијата на сведоштвото, Соломон принесе илјада сепаленици. Во таа ноќ му се јави Господ на Соломона и му рече: »Барај, што сакаш да ти дадам.« Соломон Му одговори на Бога: »Ти му направи на таткото мој Давида голема милост и ме постави за цар место него. Нека се исполни сега, Господи, Боже словото Твое кон татка ми Давида, бидејќи ме направи цар над народ многуброен, како земниот прав, дај ми сега мудрост и разум, за да излегувам и влегувам пред тој народ; зашто, кој може да управува со Твојот голем народ?« И му рече Бог на Соломона: »Затоа што го имаш тоа во срцето свое и не побара богатство, имот и слава, ниту душите на твоите непријатели, ниту пак, побара многу денови, туку побара мудрост и разум, за да управуваш со Мојот народ, над кој те поставив за цар, – мудрост и разум ти се дава, а богатство, имот и слава ќе ти дадам такви, какви што кај царевите пред тебе немало, нити ќе има по тебе.« Тогаш Соломон се врати од ридот во Гаваон, од скинијата на сведоштвото, во Ерусалим, и царуваше над Израилот. И собра Соломон коњица; имаше илјада и четиристотини коли и дванаесет илјади коњаници, кои ги насели по колските градови и при царот во Ерусалим. И го направи царот во Ерусалим среброто и златото рамноцено со камењата, а кедрите според нивното множество ги направи рамноцени со смоквите во низините. Коњи му доведуваа на Соломона од Египет; царски трговци ги купуваа со пари; една кола се купуваше и дотеруваше од Египет за шестотини сикли сребро, а еден коњ – за сто и педесет. Така тие им ги доставуваа преку своите раце на сите цареви хетејски и цареви сиријски. Соломон потоа науми да изгради дом на името Господово и царски дом за себе си. И собра Соломон седумдесет илјади носачи и осумдесет илјади каменоделци во горите и надгледници над нив – три илјади и шестотини. Па испрати Соломон да му кажат на тирскиот цар Хирама: »Како што правеше со татка ми Давида и му испраќаше кедар, за да си изгради дом за живеење, така направи и со мене. Еве, јас градам дом на името Господово, мојот Бог, да го посветам Нему, за да се кади пред Него миризливо кадиво, да се поставуваат постојано лебови на предложението и да се принесува таму сепалненици наутро и навечер, и во саботите, новомесечијата и празниците на Господа, нашиот Бог, што му е заповедано засекогаш на Израилот. Домот, што го градам, е голем, зашто голем е нашиот Бог, погоре е од сите богови. Та кој може Нему да Му изгради дом, кога небото и небесата на небесата не можат да ја соберат Неговата слава? И кој сум јас, па да можам да Му изградам дом, освен за кадење пред лицето Негово? Па така, испрати ми сега човек, што знае да прави изработки од злато, од сребро, од бакар и од железо и од пурпурна, црвена и сина преѓа, и кој знае да реже за да работи заедно со уметниците, какви што има во Јудеја и во Ерусалим, а коишто ги приготви татко ми Давид. И испрати ми кедрови дрва и кипарис и невгово дрво од Ливан, зашто знам, дека твоите слуги умеат да сечат ливански дрвја. И ете, моите слуги ќе одат со твоите слуги, за да ми подготват многу дрва, зашто домот, што го градам, е голем и величествен. А на дрводелците, твоите слуги, што ќе ги сечат дрвјата, ќе им дадам за храна: дваесет илјади мери пченица и дваесет илјади мери јачмен, дваесет илјади мери вино и дваесет илјади мери елеј.« И Хирам, царот тирски, одговори со писмо, кое му го испрати на Соломона: »Затоа што го засака Својот народ, Господ те постави за цар над него.« И уште рече Хирам: »Благословен Господ, Бог Израилев, Кој го создал небото и земјата и му дал на Давида син мудар, учен и разумен, кој се готви да Му гради дом на Господа и дом царски за себеси. Па така, ти испраќам човек умен, надарен со знаења, слугата мој Хирама, син на жена од Давидовите ќерки, а татко му е Тирец; тој знае да прави изработки од злато и од сребро, од бакар и од железо, од камен и од дрво, од пурпурна и сина преѓа, од висон и од багреница и да реже секаква резба и да прави сѐ, што ќе му биде порачано, заедно со твоите уметници и со уметници на мојот господар Давида, твојот татко. А пченицата и јачменот, елејот и виното, што ги ветуваш, испрати ги, господаре мој, на своите слуги. Ние, пак, ќе насечеме дрва од Ливан колку што ти треба, и ќе ги донесеме на скели по морето во Јафа, а ти ќе ги пренесеш во Ерусалим.« И ги собра Соломон сите придојдени, што беа тогаш во Израилската земја, според пописот што го беше направил татко му Давид, – и излегоа сто и педесет и три илјади и шестотини. Од нив Соломон определи седумдесет илјади за носачи, осумдесет илјади за каменоделци во горите и три илјади и шестотини за надгледници, за да настојуваат народот да работи. И почна Соломон да го гради домот Господов во Ерусалим, на гората Аморија, која му ја определи Господ на татка му Давида, на она место, што го беше подготвил Давид, врз гумното на Јевусеецот Орна. А почна да го гради на вториот ден од вториот месец во четвртата година од своето царување. Основата, положена од Соломона при градењето на домот Божји, беше следна: должина шеесет лакти, по старата мерка, а широчина – дваесет лакти; а тремот пред домот беше долг колку ширината на домот – дваесет лакти, висок, пак, – сто и дваесет. Одвнатре го позлати со чисто злато. А главниот дом го обложи со кипарисово дрво, го опкова со чисто злато и изработи на него палми и веришки. Го украси домот со скапоцени камења за да биде убав; а златото беше парваимско злато. Го опкова со злато домот, гредите, праговите, ѕидовите негови, прозорците и вратите негови, а по ѕидовите изваја херувими; и направи Свајата Сватих: должината нејзина според широчината на домот – дваесет лакти, и широчината нејзина – дваесет лакти; и ја покри со шестотини таланти чисто злато. Тежината на клиновите беше: секој клин педесет сикли злато. И горните одаи ги опкова со злато. А во Свјатајта Свјатих направи два херувима од дрво што не гние, резбарска работа, и ги опкова со злато. Крилата на херувимите им беа во должина дваесет лакти: едното крило, пет лакти, се допираше до ѕидот на домот, а другото крило, исто така пет лакти, се среќаваше со крилото на другиот херувим; исто така и едното крило на другиот херувим, пет лакти, се допираше до ѕидот на домот, а другото крило, пет лакти, се среќаваше со крилото на другиот херувим. Крилјата на херувимите беа раширени на дваесет лакти; и тие стоеја на нозете свои со лицето кон храмот. Направи завеса од сина, пурпурна и темно црвена ткаенина и од висон, а на неа изобрази херувими. Пред храмот направи два столба, високи по триесет и пет лакти, и капители одозгора – секој од по пет лакти. Направи и веришки, како во светилиштето, и ги положи врз столбовите; направи и сто нарови, кои ги постави на веришките. Ги постави столбовите пред храмот: едниот десно, другиот лево, и десниот го нарече Јихин (Исправување), а левиот Воаз (тврдина). А направи и бакарен жртвеник: дваесет лакти долг, дваесет лакти широк и десет лакти висок. И направи излеано море – од едниот крај негов до другиот десет лакти – целиот круг, висок пет лакти, а наоколу при врвот – триесет лакти; наоколу под него од сите страни имаше излеано образи воловски; на десет лакти наоколу морето го опколуваа два реда волови, излеани заедно со него. Тоа стоеше врз дванаесет вола: три гледаа кон север, три гледаа кон запад, три гледаа кон југ и три гледаа кон исток, а морето врз нив одозгора: заднините пак им беа свртени навнатре под морето. Дебелината му беше колку една дланка, а краиштата негови, направени како краишта на чаша; прилегаа на расцутен крин. Тоа собираше три илјади бата. Направи и десет мијалници и постави пет десно и пет лево, за да мијат во нив – го миеја во нив приготвеното за сепалениците; а морето – за свештениците, за да се мијат во него. Направи и десет златни светилници, какви што требаше да бидат, и ги постави во храмот – пет десно и пет лево. Направи и десет трпези и ги постави во храмот – пет десно и пет лево; направи и сто златни чаши. Направи уште и свештенички двор, и голем двор, и врати кон дворот, и стожерите им ги опкова со бакар. Морето го постави на десната страна, кон југоисток. И направи Хирам котли, лопатки, чаши, кадилници и сите жртвени садови. И ја сврши Хирам работата, што ја вршеше за царот Соломон во Божјиот дом: два столба и два појаса околу врвовите врз столбовите и две мрежи, за да ги покриваат двата појаса околу капителите, што беа врз столбовите, и четиристотини нарови на двете мрежи – два реда нарови за секоја мрежа, за да ги покриваат двата појаса околу врвовите врз столбовите. Направи и подножја, направи и мијалници над подножјата; едно море и дванаесет волови под него, и котли и лопатки, и виљушки; целиот тој прибот Хирам му го направи на царот Соломона за домот Господов од измазнет бакар. Царот ги излеа во глинена земја во околината на Јордан, меѓу Сокхот и Саридата. Соломон ги направи сите тие предмети во големо множество, така што не се знаеше мерката на бакарот. Тогаш ги направи Соломон и сите други предмети за Божјиот дом: и златен жртвеник, и трпези за лебовите на предложението, и светилници, и кандилата нивни, за да ги палат според уредбите пред Свјатаја Свјатих, – од чисто злато; и цвеќенца, и кандилца, и машички од злато, од најчисто злато, и ножеви, и росилници, и чаши, и пепелници од најчисто злато; и храмовите порти – внатрешните порти за Свјатаја Свјатих, и храмовите порти за светилиштето – од злато. И се заврши сета работа, што ја изврши Соломон за домот Господов. И го внесе Соломон посветеното од татка му Давида сребро и злато, и сите садови ги предаде во ризниците на Божјиот дом. Тогаш Соломон ги свика во Ерусалим сите началници израилски и сите племенски кнезови и сите старешини на домовите на израилевите синови, за да го пренесат Ковчегот на заветот Господов од Давидовиот град, односно од Сион. И се собраа при царот сите Израилци на празникот, во седмиот месец. И дојдоа сите старешини Израилеви. Левитите го кренаа Ковчегот; го понесоа ковчегот и скинијата на сведоштвото и сите свети садови, што беа во скинијата, – ги понесоа свештеници и левити. А царот Соломон и сето Израилево општество, што се беше собрало при него со страв пред Ковчегот, принесуваа жртви – овци и волови, толку многу, што не беше можно да се избројат и пресметаат. И свештениците го внесоа Ковчегот на заветот Господов на местото негово, во Свјатаја Свјатих, под крилјата на херувимите. Херувимите со раширени крилја над местото на ковчегот и го покриваа Ковчегот и лостовите негови одозгора. Лостовите се издигаа така, што дршките им се гледаа пред Свјатаја Свјатих, но не и надвор; тие се таму и ден денес. Во Ковчегот немаше ништо, освен двете камени плочи, што Мојсеј ги беше положил на Хорив, кога Господ склучи завет со Израилевите синови, по излегувањето нивно од Египет. Кога свештениците излегоа од светилиштето, – зашто сите свештеници, што беа таму, се осветија, беа разлика на нивните редови, тогаш сите певци – левити: Асаф, Еман, Идитун и синовите нивни и браќата нивни, облечени во тешко платно, со кимвали, псалтири и гусли стоеја на источната страна од жрвеникот, и со нив заедно сто и дваесет свештеници, трубеа со труби. И додека трубеа и пееја како еден, испуштајќи еден глас за хвала и славословие на Господа и кога го подигнаа звукот од труби, кимвали и други свирки, и сите го фалеа Господа, дека е благ, дека милоста Негова е вечна, – тогаш домот Господов се исполни со облак, и поради облакот свештениците не можеа да стојат при служба, зашто славата Господова го исполни Божјиот дом. Тогаш Соломон рече: »Господ беше рекол, дека ќе благоволи да престојува во магла, но јас, на Твоето свето име Му изградив дом на Твоето живеалиште, место за Твоето вечно присуство.« И го сврте царот лицето свое, та го благослови сето собрание на Израилците – сето собрание на Израилците стоеше, па рече: »Нека е благословен Господ, Бог Израилев, Кој го изврши сега со светата рака Своја она, како што го беше рекол со устата Своја на татка ми Давида велејќи: ‚од оној ден, кога го изведов Мојот народ од Египетскатѕа земја, Јас не избрав град во ниедно колено Израилево, за да изградам дом, каде што да присуствува името Мое, ниту избрав маж што ќе биде водач на Мојот народ Израилот. туку го избрав Ерусалим, та името Мое таму да присуствува, го избрав Давида, тој да биде над Мојот народ – Израилот.‘ Татко ми Давид имаше на срце да изгради дом на името на Господа, Бога Израилев, но Господ му кажа на татко ми Давид: ти имаш на срце да изградиш храм на името Мое; добро е, што ти е тоа на срце. Меѓутоа, ти нема да изградиш храм, туку твојот син, што ќе призлезе од бедрата твои, – тој ќе изгради храм на името Мое. И Господ го исполни словото и, она што го беше изрекол; јас стапив на местото на мојот татко Давида, седнав на престолот Израилев, како што рече Господ, и изградив дом на името Господово, Бога Израилев. Го положив таму ковчегот, во кој е заветот на Господа, што го беше склучил со синовите Израилеви.« Па застана Соломон пред жртвеникот Господов, пред сето собрание на Израилците, ги крена рацете, – зашто Соломон беше направил бакарно подножје, долго пет лакти, широко пет лакти и високо три лакти, и го беше поставил среде дворот; застана на него, падна на колена пред сето собрание на Израилците, ги крена рацете кон небото, – и рече: »Господи, Боже Израилев! Нема Бог, сличен на Тебе, ниту на небото, ниту на земјата. Ти го пазиш заветот и милоста кон слугите Свои, кои одат пред Тебе со сето свое срце; Ти го исполни на Својот слуга Давида, мојот татко, она, што беше говорел; она, што беше го изрекол со устата Своја, денес го исполни со раката Своја. И сега, Господи, Боже Израилев, исполни му го на Својот слуга Давида, мојот татко, она, што му го рече, велејќи: нема да снема маж, што ќе седи пред лицето Мое на престолот Израилев, само ако твоите синови внимаваат на патиштата свои, одејќи по Мојот закон така, како што одеше ти пред Мене. А сега, Господи, Боже Израилев, нека се потврди словото Твое, што си го изрекол на Својот слуга Давида! Навистина, Бог ли ќе живее со луѓето на земјата? Ако небото небесата Твои не Те собираат, дотолку помалку ќе Те собере овој храм, што сум го изградил. Но погледни милостиво кон молитвата на Твојот слуга и кон молбата негова, Господи, Боже мој! Чуј го повикот и молитвата, со која Твојот слуга се моли пред Тебе. Нека бидат очите Твои отворени кон овој храм дење и ноќе, кон местото, во кое си ветил дека го ставаш името Свое, за да ја слушаш молитвата, со која слугата Твој ќе се моли на ова место. Чуј ги молбите на Твојот слуга и на Твојот народ Израилот, со кои ќе се молат на ова место; чуј од местото на Твоето живеалиште, од небесата, чуј и смилувај се! Кога некој ќе згреши против ближниот свој, и ќе побараат од него клетва, за да се заколне, и таа клетва биде извршена пред Твојот жртвеник во овој храм, тогаш чуј од небото и изврши суд над Своите слуги, подај му на виновникот, и товарејќи му ја постапката негова врз главата негова; а оправдај го правиот, воздавајќи му според правдата негова. Кога Твојот народ Израилот ќе биде поразен од непријателот, затоа што згрешил пред Тебе и кога тој ќе се сврти кон Тебе, и ќе го исповеда името Твое со молба и молитва пред Тебе во овој храм, чуј тогаш од небото и прости му го гревот на Твојот народ Израилот и врати го во земјата, што си му ја дал нему и на татковците негови. Кога ќе се заклучи небото и ќе снема дожд, затоа што згрешил пред Тебе, и ќе се помолат на ова место, ќе го исповедаат името Твое и ќе се свртат од своите гревови, затоа што си ги понизил, чуј тогаш од небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот народ Израилот, покажувајќи им го добриот пат, по кој треба да одат; и испрати дожд врз Твојата земја, што си му ја дал на народот Свој во наследство. Ако биде глад во земјата или помор, огнен ветар или гламја, скакулци или гасеници, или ако го притиснат непријателите негови во земјата, што ја владее, некое зло ако се случи или некаква болест, секоја молитва, секоја молба од кој и да било човек, или од сиот народ Твој Израилот, кога секој ќе ја почувствува неволјата своја и тагата своја и ќе ги подадае рацете кон Твојот храм, чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, и прости и подај му на секого според сите патишта негови, како што го познаваш срцето негово, – зашто само Ти ги познаваш срцата на синовите човечки, – за да се плашат од Тебе и да одат по Твоите патишта во сите дни, додека живеат на земјата, што си им ја дал на татковците нивни. Дури и туѓинецот, што не е од Твојот народ Израилот, кога ќе дојде од далечна земја поради Твоето големо име, Твојата моќна рака и Твојата силна мишка, – дојде и се помоли во овој храм, чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, и направи сѐ, за кое туѓинецот ќе Те призове, та сите земни народи да го познаат Твоето име и да се плашат од Тебе, како и Твојот народ Израилот, и да знаат, дека овој дом, што јас го изградив, е наречен на Твое име. Кога Твоите луѓе ќе излезат во војна против непријалтелите свои по патот, по кој ќе ги испратиш Ти, и Ти се помолат, обрнувајќи се кон храмот, што го изградив на Твоето име, тогаш послушај ја од небото молитвата нивна и молбата нивна и направи им го она што е таму потребно. Кога ќе згрешат пред Тебе, – зашто нема човек што не грешава, – и Ти ќе им се разгневиш и ќе ги предадеш на непријателите, и они, што ги заробиле, ги одведат во далечна или блиска земја, кога во земјата, во која ќе бидат заробени, ќе дојдат на себеси, ќе се свртат и ќе Ти се помолат во земјата на своето ропство, велејќи: ‚згрешивме, направивме беззаконија и неправди,‘ и се обрнат кон Тебе со сето свое срце и со сета своја душа, во земјата на своето ропство, каде што ќе бидат одведени во плен, и се помолат, обрнувајќи се кон земјата своја, што си им ја дал на татковците нивни, и кон градот, што си го избрал, и кон храмот, што го изградив на Твоето име, – тогаш чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, чуј ја молитвата нивна и молбата нивна, и направи го она што им е потребно, и прости му на Твојот народ, за она што згрешил пред Тебе. Боже мој, очите Твои нека бидат отворени и ушите Твои внимателни кон молитвата на ова место! И сега, Господи Боже, застани во Твоето покоиште, Ти и ковчегот на Твојата сила. Твоите свештеници, Господи Боже, нека се облечат во спасение, и Твоите преподобни да се радуваат во добрините. Господи Боже, не свртувај го лицето од помазаникот Свој, присети се на милостите ветени кон Својот слуга Давида!« Кога Соломон ја заврши молитвата, слезе оган од небото и ги голтна сепалениците и жртвите, и слава Господова го исполни домот. И свештениците не можеа да влезат во домот Господов, зашто славата Господова го исполни домот Господов. И сите синови Израилеви, кога видоа, како слезе оган и слава Господова врз домот, паднаа ничкум на земја, на плочникот, се поклонија и Го фалеа Господа, зашто е благ, зашто милоста негова е вечна. А царот и сиот народ почнаа да принесуваат жртви пред лицето на Господа. И принесе царот Соломон на жртва дваесет и две илјади вола и сто и дваесет илјади овци: така го осветија Божјиот дом царот и сиот народ. Свештениците стоеја на службата своја, а левитите со Давидовите песни во рацете, стоеја со свирки за песни на Господа, што ги беше направил царот Давди, зашто милоста Негова е вечна; и трубеа свештениците спроти нив, а сиот Израиел стоеше. Соломон го освети и внатрешниот дел на тремот, што е пред домот Господов: таму ги принесе сепалениците и лојот од мирните жртви, зашто бакарниот жртвеник, направен од Соломона, не можеше да ги собере сепалениците, лебните приноси и лојот. И направи Соломон во тоа време седумдневен празник и празнуваше со него сиот Израил, – многу голем собор, што се беше стекол од влезот во Емат до Египетскиот поток; а на осмиот ден направија попразненсто, зашто осветувањето на жртвеникот го правеа седум дена и празникот – седум дена. И на дваесет и третиот ден од седмиот месец царот го распушти народот по шаторите нивни, сите радосни и весели во срцето поради доброто, што Господ му го направи на Давида и Соломона и на својот народ Израилот. И го заврши Соломон домот Господов и домот царски, заврши успешно сѐ, што беше наумил во срцето свое да го изврши во Господовиот дом и во својот дом. И Господ му се јави на Соломона ноќе и му кажа: »Ја чув твојата молитва и Си го одбрав тоа место за дом на жртвопринесувања. Ако го заклучам небото и да нема дожд, ако им заповедам на скакулците да ја испасат земјата, или да испратам помор врз Мојот народ. и Мојот народ, кој се именува со Моето име, се смири, почне да се моли, да го бара лицето Мое и се одврати од своите лоши патишта, Јас ќе чујам од небото и ќе му ги простам гревовите негови и ќе ја излекувам земјата негова. И сега очите Мои ќе бидат отворени и ушите Мои внимателни кон молитвата во ова место. И сега јас го избрав и го осветив овој дом, та името Мое да биде таму засекогаш; и очите Мои, и срцето Мое ќе бидат таму во сите дни. И, ако одиш пред лицето Мое, како што одеше татко ти Давид, и ако вршиш сѐ, што сум ти заповедал, и ако ги пазиш уредбите Мои и законите Мои, Јас ќе го зацрвстам престолот на царството твое, како што му бев ветил на татка ти Давид, велејќи: ‚нема да снема маж, што ќе владее над Изралот.‘ Но, ако отстапите и ако ги напуштите наредбите Мои и заповедите Мои, што сум ви ги дал, и тргнете да служите на други богови и да им се поклонувате, Јас ќе го истребам Израилот од лицето на Мојата земја, што сум му ја дал, и овој храм, што сум го осветил на Мое име, ќе го отфрлам од лицето Свое и ќе го направам за приказ и за потсмев кај сите народи. А за овој храм, толку славен, секој, што ќе мине покрај него, ќе се вџаши и ќе рече: ‚Зошто ли постапил Господ така со оваа земја и со овој храм?‘ И ќе речат: ‚Затоа, што тие Го оставија Господа, Бога на татковците свои, Кој ги изведе од Египетската земја, и се приврзаа за други богови, и, се поклонуваа и им служеа, – затоа Он им го испрати сево ова зло.‘« Откако, изминаа дваесет години, во кое време Соломон го градеше домот Господов и својот дом, Соломон ги изгради и градовите, што му ги беше дал Хирам, и ги всели во нив синовите Израилеви. Потоа отиде Соломон против Емат-Сува и го презеде. Го изгради Тедмор во пустињата и сите градови за житници, какви што направи во Емат. Го изгради Горни Веторон и Долни Веторон, градови утврдени со ѕидишта, порти и резиња, и Валат и сите градови за складови, во кои Соломон имаше житници, сите градови за коли и градови за коњица, и сѐ што сакаше да изгради Соломон во Ерусалим и во Ливан и по целата земја на своето владение. Сите луѓе, останати од Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците, што не беа од синовите Израилеви, – децата нивни, останати по нив на земјата, кои синовите Израилеви не ги беа истребиле – Соломон ги потчини и принуди да плаќаат данок дури и до денес. А синовите Израилеви Соломон што не ги направи слуги за свои работи, тие беа војници и поглавари над војводите негови и заповедници на колите и коњицата негова. Главните настојници, што управуваа со народот при царот Соломон, беа двесте и педесет. Соломон ја пренесе ќерката Фараонова од Давидовиот град во домот, што го изгради за неа, зашто, велеше тој, жена не смее да живее при мене во домот на Израилевиот цар Давида, бидејќи домот е осветен: во него е влезен ковчегот Господов. Тогаш Соломон почна да Му принесува сепаленици на Господа на жртвеникот Господов, што беше го изградил пред тремот, за принесување сепаленици, според наредбите секој ден, како што беше заповедал Мојсеј, во саботите и во новомесечијата и во празниците трипати во годината: во празникот на Бесквасници, во празникот на Седмици и во празникот Сеници. И ги установи, според распоредот на татка си Давида, смените и свештениците според службата нивна, на левитите според стражите нивни, за да славословат и да служат при свештениците според уставот за секој ден, и на вратарите според смените нивни, при секоја врата, бидејќи таква беше заповедта на Давида, Божјиот човек. И не отстапуваа од царевите заповеди за свештениците и за левитите во ништо, ниту пак за ризницата. Така беше уредено целото дело на Соломона од денот, кога се основа домот Господов, до целосното завршување негово. Тогаш отиде Соломон во Гасион-Гавер и во Елат, што е на морскиот брег, во земјата Идумејска. И Хирам му испрати по свои слуги кораби и слуги, што го знаеја морето, и тие отидоа со слугите Соломонови во Офир, од каде што изнесоа четиристотини и педесет таланти злато, и му го донесоа на царот Соломон. Савската царица, кога чу за славата Соломонова, дојде во Ерусалим да го искуша Соломона со гатанки; дојде со многу големо богатство и камили, натоварени со благопријатни мириси, многу злато и скапоцени камења. Дојде при Соломона и говореше со него сѐ, што ѝ беше на срце. Соломон ѝ ги објасни сите нејзини зборови, и не се најде ништо непознато за Соломона, кое да не ѝ го објасни. Савската царица, откако ја виде мудроста на Соломона и домот, што тој го беше изградил, и јадењата на трпезата негова, и живелиштата на слугите негови, состојбата на прислужниците негови и облеката нивна, пехарниците и облеката нивна, и одот, со кој тој влегуваше во домот Господов, – беше надвор од себе си. Тогаш таа му рече на царот: »Вистина е она што го бев слушала за твоите дела и за твојата мудрост; но јас не верував на нивните зборови сѐ, додека не дојдов и не видов со очите свои. И еве, ни половината не ми е кажано за твојата голема мудрост: ти ја надминуваш приказната, што сум ја чула. Блажени се твоите луѓе, блажени се тие твои слуги, кои секогаш стојат пред тебе и ја слушаат мудроста твоја! Нека е благословен Господ, твојот Бог, Кој благоволи да те постави на Својот престол за цар пред Господа, твојот Бог. Поради љубовта на твојот Бог кон Израилот, за да го зацврсти засекогаш, Он те постави за цар над него, – да делиш суд и правда.« Потоа таа му подари на царот сто и дваесет таланти злато и големо множество благопријатни мириси и скапоцени камења: немаше нигде такви мириси, какви што Савската царица му подари на Соломона. Но и слугите Хирамови и слугите Соломонови, кои го донесоа златото од Офир, донесоа и црвено дрво и скапоцени камења. Царот од тоа црвено дрво направи скали за домот Господов и за царскиот дом, и гусли и псалтири за певците. Такво нешто не беше видено пред тоа во земјата Јудејска. А царот Соломон ѝ даде на Савската царица, сѐ што посака и пожела, освен такви работи, какви што таа му беше донела. Пота таа се врати во својата земја со слугите свои. Мерката на златото, што му доаѓаше на Соломона во текот на една година, беше шестотини и шеесет таланти. Освен тоа, донесуваа уште и поданици и трговци, и сите цареви арапски и обласни началници му донесуваа злато и сребро на Соломона. И направи царот Соломон двесте големи штита од ковано злато – по шестотини сикли злато за секој штит, – и триста помали штита од ковано злато – по триста сикли злато за секој штит; и царот ги постави во домот од ливанско дрво. Царот направи и голем престол од слонова коска, и го обложи со чисто злато, и шест степеника до престолот и златно подножје, изградено заедно со престолот, и потпирки од двете страни на седиштето, и два лава, што стојат до потпирките. И уште дванаесет лава што стојат таму од двете страни на шесте степеника. Таков престол немаше во ниедно царство. Сите садови од кои пиеше царот Соломон беа од злато, и сите садови во домот од ливанско дрво беа од чисто злато; од сребро немаше ништо, зашто среброто во Соломоновото време не се ценеше многу. Бидејќи царски кораби одеа во Тарсис со слугите Хирамови и секои три години корабите се враќаа од Тарсис, па донесуваа злато и сребро, слонова коска, мајмуни и пауни. Така царот Соломон ги надмина сите земни цареви по богатството и по мудроста. Сиет земни цареви сакаа да го видат Соломона, за да ја послушаат мудроста негова, која Бог ја беше внел во срцето негово. И секој од нив донесуваше со себеси дар: сребрени садови и златни садови, облека, оружја, благопријатни мириси, коњи и маски – секоја година. Соломон имаше четири илјади стаи за коњи и коли и дванаесет илјади коњаници; ги беше населил по колските градови и при царот – во Ерусалим. Владееше над сите цареви – од реката Еуфрат до Филистејската земја и до Египетските предели. Царот направи и златото и среброто во Ерусалим да бидат рамноценети со обичните камења, а кедрите, поради нивното множество, ги направи рамноценети со смоквите во низините. Коњи му дотеруваа на Соломона од Египет и од сите земји. Другите дела Соломонови, први и последни, опишани се во записите на пророкот Натана и во пророштвото на Силомаецот Ахија и во виденијата на јасновидецот Јоила за Јеровоама, Наватовиот син. Соломон царуваше во Ерусалим над сиот Израил четириесет години. Почина Соломон при татковците свои, и го погребаа во градот на татка му Давида. А место него стана цар синот негов Ровоам. Ровоам отиде во Сихем, зашто во Сихем се беа собрале сите Израилци, за да го изберат за цар. Кога чу за тоа Јеровоам, синот Наватов, – кој се наоѓаше во Египет, каде што беше избегал од царот Соломон, – тој се врати од Египет. Испратија да го повикаат. Дојде Јеровоам и сиот Израил, и му говореа на Ровоама вака: »Твојот татко ни наложи тешко иго; ти пак олесни ни го тешкото ропство од татка ти и тешкото иго, што ни го наложи тој, и ние ќе ти служиме.« Ровоам им одговори: »По три дена дојдете пак при мене.« И народот се разотиде. Се посоветува царот Ровоам со старешините, што стоеја пред татка му Соломона, додека беше жив, и им рече: »Што ќе ме посоветувате да му одговорам на овој народ?« Тие му одговорија: »Ако бидеш добар спрема овој народ и му угодиш, ако му говориш благи зборови, тој ќе ти служи во сите дни.« Но тој го отфрли советот, што му го дадоа старешините, па почна да се советува со младите, што беа израснале заедно со него и служеа при него; па им рече: »Што ќе ми советувате да им одговорам на оние луѓе, што ми рекоа вака: ‚Олесни ни го игото, што ни го наложи татко ти‘?« Младите, што беа израснале со него, му одговорија и рекоа: »Вака кажи им на тие луѓе, што ти рекле: ‚твојот татко ни наложи тешко иго, ти, пак олесни ни го,‘ – вака кажи им: ‚малиот прст ми е подебел од бедрата на татка ми. Татко ми ви наложи тешко иго, јас, пак, ќе го зголемам вашето иго; татко ми ве казнуваше до камшици, јас, пак, ќе ве бијам со скорпии.‘« Дојде Јеровоам и сите луѓе при Роваоама на третиот ден, како што им беше заповедал царот, велејќи: »Дојдете при мене пак по три дена.« Тогаш царот им одговори грубо, бидејќи царот Ровоам го отфрли советот на старешините, и им говореше според советот на младите вака: »Татко ми ви наложи тешко иго, јас пак ќе го зголемам; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве бијам со скорпии.« И царот не го послуша народот, зашто така беше определено од Бога, за да го исполни Господ зборот Свој, што го беше изрекол преку Силоамецот Ахија на Наватовиот син Јеровоама. Кога сиот Израил виде, дека царот не го слуша, народот му одговори на царот, велејќи: »Каков дел имаме во Давида? За нас нема дел во синот Јесеев; по шаторите свои, Израиле! Сега знај го својот дом, Давиде!« И се разотидоа сите Израилци по шаторите свои. А Ровоам остана цар само на синовите Израилеви, што живееја во Јудините градови. Царот Ровоам го испрати Адонирама, кој беше над даноците, но синовите Израилеви го затрупаа со камења, и тој умре. А царот Ровоам побрза да седни в кола, за да избега во Ерусалим. Така се одметнаа Израилците од домот Давидов и до денес. Ровоам пристигна во Ерусалим и свика од Јудиниот и Венијаминовиот дом сто и осумдесет илјади одбрани војници, за да војуваат против Израилот и да му го вратат царството на Ровоама. И би слово Господово до Самеја, човекот Божји, со кое беше речено: »Кажи му на Соломоновиот син Ровоам, цар Јудејски, и на сиот Израил во Јудиното и Венијаминовото племе: вака вели Господ: ‚не одете и не почнувајте војна со браќата свои; вратете се секој во домот свој, зашто Јас го направив тоа.‘« Тие ги послушаа зборовите Господови и се вратија од походот против Јеровоама. Ровоам живееше во Ерусалим и ги загради градовите во Јудеја со ѕидови. Го утврди Витлеем, Етам, Текуја, Ветсур, Сокхот, Одолам, Гет, Марисан, Зиф, Адурем, Лахис, Азиер, Салај, Елон и Хеврон, што беа на Јудиното и на Венијаминовото племе. Ги зацврсти тие тврдини и постави во нив началници и житници, и одделенија за елеј и вино. И на секој град му даде штитови и копја и ги зацврсти прилично добро. Под него останаа Јуда и Венијамин. Свештениците и левитите, колу што ги имаше по целата земја Израилска, се собраа при него од сите краишта, зашто левитите ги оставија селата свои и владенијата свои и дојдоа во Јудеја и во Ерусалим, бидејќи Јеровоам и синовите негови ги отстранија од свештенството Господово и си поставија жреци во идолските светилишта на ридовите, за идолите и за телињата што тој ги направи. А по нив и од сите племиња Израилеви, кои го управија срцето свое да Го бараат Господа, Бога Израилев, одеа во Ерусалим, за да Му принесат жртви на Господа, Бога на татковците свои. Тие го зацврстија царството Јудино и го поддржуваа Соломоновиот син Ровоам три години, зашто одеа по патот на Давида и Соломона во тие три години. Ровоам си ја зеде за жена Маелата, ќерката на Јеримута, син Давидов, и на Авигеја, ќерка на Елијава, син Јесеев; И таа му ги роди синовите: Јеуса, Саморија и Зама. По неа тој ја зеде Маха, ќерка Авесаломова, и таа му ги роди Авија, Јевтија, Зиза и Салимота. Ровоам ја сакаше Маха, Авесаломовата ќерка, повеќе од сите свои жени и наложници, зашто тој имаше осумнаесет жени и шеесет наложници, и роди дваесет и осум синови и шеесет ќерки. Ровоам го постави Авија, синот на Маха, за началник и кнез над браќата свои, зашто сакаше да го направи цар. Па мудро работејќи, тој ги распрати сите синови свои по сите земји на Јуда и Венијамина, по сите утврдени градови, им даде многу храна и за нив доведе многу жени. Кога царството на Ровоам се зацврсти, и тој стана силен, го остави законот Господов, а заедно со него и сиот Израил. На петтата година од Ровоамовото царување Сусаким, египетскиот цар, се крена против Ерусалим, – зашто беа отстапиле од Господа, – со илјада и двесте коли и шеесет илјади коњаници; а дојдениот од Египет со него народ: Ливијци, Троглодити и Етиопјани, – број немаше; и ги презеде утврдените градови во Јудеја и стигна до Ерусалим. Тогаш пророкот Самеј дојде при Ровоама и при јудејските кнезови, што се беа собрале во Ерусалим, за да се спасат од Сусакима, и им рече: »Вака вели Господ: ‚Вие Ме оставивте, затоа и Јас ве оставам во рацете на Сусакима.‘« Кнезовите Израилеви и царот се смирија и рекоа: »Праведен е Господ!« Кога виде Господ, дека тие се смирија, дојде словото Господово до Самеја и беше речено: »Нема да ги погубам, а скоро ќе им дадам избавление; Мојот гнев нема да се излее врз Ерусалим преку раката Сусакимова; бидејќи тие ќе му станат слуги, за да знаат што е тоа да Ми служат Мене и да им служат на земните царства.« Египетскиот цар Сусаким дојде во Ерусалим и ги одзеде ризниците на домот Господов и ризниците на царскиот дом; одзеде сѐ, ги одзеде и златните штитови, што ги беше направил Соломон. Но царот Ровоам направи место нив бакарни штитови и ги предаде во рацете на старешините над чуварите, што го чуваа влезот во царскиот дом. Кога одеше царот во Господовиот дом, доаѓаа чуварите и ги носеа, а потоа пак ги враќаа во живеалиштето на чуварите. И кога тој се смири, гневот Господов се одврати од него и не го погуби до крај; па и во Јудеја имаше нешто добро. Се зацврсти царот Ровоам во Ерусалим и царуваше. Кога се зацари, тој беше на четириесет и една година, а царуваше седумнаесет години во Ерусалим, во градот, кого Господ го избра меѓу сите колена Израилеви, за да остане таму засекогаш името Негово. Мајка му се викаше Нама, Амонитка. И вршеше зло, зашто не го беше расположил срцето свое за да Го побара Господа. Делата на Ровоама, први и последни, се опишани во записите на пророкот Самеја и јасновидецот Ада во родословијата. Ровоам имаше војни со Јеровоама во сите денови. Ровоам почина при татковците свои и беше погребан во Давидовиот град. И место него стана цар синот негов Авија. Во осумнаесеттата година од царувањето на Јеровоама стана цар Авија над Јуда; тој царуваше три години во Ерусалим; мајка му се викаше Михаја, ќерка Урилова, од Гаваон. И Авија водеше војна со Јеровоама. Авија изведе во војна војска од храбри луѓе, четиристотини илјади одбрани души, а Јеровоам излезе против него во бој со осумстотини илјади души, исто така одбрани јунаци. И застана Авиј на врвот од планината Семераим, една од Ефремовата гора, и рече: »Чујте ме, Јеровоаме и сите Израилци! Не знаете ли, дека Господ, Бог Израилев, му го даде на Давида царството над Израилот засекогаш, нему и на синовите негови, според заветот вечен.« Но беше востанал Јеровоам, синот Наватов, слуга на Давидовиот син Соломона, и се побуни против господарот свој. И се собраа околу него луѓе долни, развратници и станаа против Ровоама, синот Соломонов; а Ровоам беше млад и со слабо срце, и не издржа против нив. А сега вие мислите да устоите против царството Господово, кое е во рацете на Давидовите синови, зашто вас ве има многу и затоа што имате златни телиња, што ви ги направи Јеровоам за богови. Нели вие ги изгонивте свештениците Господови, синовите Аронови, и левитите, и си поставивте свештеници, какви што има при народите во другите земји? Секој, што доаѓа за свое посветување со теле и седум овни, тој станува кај вас свештеник на лажни богови. А кај нас – Господ е наш Бог; ние не сме Го оставиле; на Господа Му служат како свештеници синовите Аронови, и левитите се на својата работа. Тие Му жртвуваат на Господа сепаленици, секое утро и секоја вечер, и миризливо кадиво, ги слагаат лебовите еден врз друг на чиста трпеза и ги палат кандилцата на златниот светилник за да горат секоја вечер, зашто ние ја пазиме наредбата на Господа, нашиот Бог, а вие сте Го оставиле. И, ете, нам на чело ни е Бог и Неговите свештеници и громогласните труби, за да грмат против вас. Синови Израилеви, не војувајте против Господа, Бога на вашите татковци, зашто нема да успеете! Во тоа време Јеровоам направи заседа зад нивниот тил, така што самиот тој беше пред Јудејците, а заседата – зад нив. И кога се обѕрнаа Јудејците, – а тоа борба и отспреди и одзади; и повикаа кон Господа, а свештениците затрубија со труби. И почнаа да викаат Јудејците. И кога Јудејците повторно извикаа, Бог го порази Јеровоама и сите Израилци пред Авија и Јуда. И синовите Израилеви почнаа да бегаа пред Јудејците; и Бог го предаде во рацете нивни. Авија и народот негов страшно ги поразија; и паднаа од Израилот петстотини илјади одбрани јунаци. Тогаш синовите Израилеви се смирија, а синовите Јудини станаа силни, зашто се надеваа на Господа, Бога на татковците нивни. Авија, пак, го гонеше Јеровоама и му ги одзеде градовите: Ветил и нему потчинетите села, Јесин со селата негови и Ефрон со потчинетите му села. И Јеровоам веќе не се совзеде во дните на Авија. Господ го порази и тој умре. Авија, пак, се засили; си зеде четиринаесет жени и роди дваесет и два сина и шеснаесет ќерки. Другите дела на Авија, делата негови и зборовите негови се опишани во записите на пророкот Ада. И почина Авија при татковците свои и го погребаа во Давидовиот град. Место него цар стана синот негов Аса. Во неговите дни земјата беше спокојна десет години. Аса го вршеше она, што беше добро и угодно пред очите на својот Господ Бог; тој ги премавна жртвениците на туѓите богови и идолските светилишта, ги скрши статуите и ги исече младите дубрави; им заповеда на Јудејците да Го бараат Господа, Бога на татковците нивни, да го исполнуваат законот Негов и заповедите; ги премавна од сите градови Јудините идолски светилишта и статуите на сонцето. И царството негово беше спокојно. И бидејќи беше спокојна земјата, тој изгради тврдина во Јудеја; тој не војуваше во тие години, зашто Господ му беше дал спокојство. И им рече Аса на Јудејците: »Да ги изградиме овие градови и да ги заградиме со ѕидиште и кули, со порти и клучеви; земјата е уште наша, зашто ние Го побаравме Господа, нашиот Бог; ние Го побаравме, и Он ни даде спокојство од сите страни.« И почнаа да градат, и успеваа. Воената сила на Аса беше: од Јудиното колено триста илјади вооружени со штитови и копја, од Венијаминовото колено двесте и осумдесет илјади јунаци, вооружени со штитови и стрелци со лак. И се крена против нив Зарај, Етиопјанин, со илјада илјади војска и триста коли, и стигна до Мариса. Му излезе Аса во пресрет, и се распоредија за борба во Софатската долина при Мариса. Повика Аса кон Господа, својот Бог, и рече: »Господи, нели е во Твоја сила да им помагаш на силни и слаби? Тогаш помогни ни нам, Господи, Боже, наш, зашто ние на Тебе се надеваме и во Твое име излеговме против ова множество. Господи, Ти си наш Бог; да не биде човекот посилен од Тебе.« И Господ ги порази Етиопјаните пред Аса и пред Јуда, и Етиопјаните избегаа. Аса, пак, и народот со него ги гонеше до Гедор; Етиопјаните паднаа толку, што ниеден не остана жив, зашто беа поразени пред Господа и пред Неговата војска. И собраа прилично голем плен. Ги разрушија сите градови околу Гедор, зашто ужас од Господа налета врз нив; и ги ограбија сите градови и изнесоа од нив многу голем плен. Ги разрушија и пастирските колиби, ограбија многу стада од ситен добиток и камили, и се вратија во Ерусалим. Тогаш Духот Божји слезе врз Азарија, син Ададов. Тој излезе да го пресретне Аса и сите Јудејци и Венијаминовци, и им рече: »Послушајте ме, Аса и сите Јудејци и Венијаминци: Господ е со вас, кога сте вие со Него; и ако Го барате, ќе Го најдете; ако, пак, Го оставите, и Он ќе ве остави. Многу дни Израилот ќе биде без вистински Бог, без свештеник да поучува, и без закон; но кога во притеснетоста своја ќе се обрне кон Господа, Бога Израилев, и ќе Го побара, и ќе Го најде. Во тие времиња нема да има мир ни за оние што излегуваат, ни за оние што влегуваат; зашто ќе има голема збрка меѓу сите жители земни; народ ќе се бие со народ, и град со град, затоа што ќе ги смути Бог со секакви неволји. Но вие држете се цврсто, и рацете ваши да не ослабуваат, зашто ќе има награда за делата ваши.« Кога ги чу Аса тие зборови и пророштвата на Азарија, син на пророкот Адада, тој се охрабри и ги премавна незнабожечките гнасотии од целата земја Јудејска и Венијаминова, и од градовите на Евремовата гора, што ги беше презел, го обнови и жртвеникот Господов, што беше пред Господовиот трем. Тогаш ги собра сите Јудејци и Венијаминовци и преселените од Ефрема, Манасија и Симеона, кои живееја со нив; зашто многу Израилци преминаа кон него, откако видоа, дека Господ, неговиот Бог, е со него. И се собраа во Ерусалим во третиот месец на петнаесеттата година од царувањето на Аса. Во тој ден принесоа жртва на Господа од пленот, што го донесоа: од крупниот добиток седумстотини и од ситниот – седумдесет илјади. Склучија завет да Го бараат Господа, Бога на татковците свои, од сѐ срце и од сета душа; а секој, што не Го побара Господа, Бога Израилев, да умре – бил тој мал или голем, маж или жена. И се заколнаа во Господа громогласно со восклици и при звукот на трубите и роговите. И сите Јудејци се радува на таа заклетва, зашто се колнеа од сѐ срце и со сета волја. Го бараа Господа, и Го најдоа. Тогаш Господ им даде спокојствие од сите страни. А мајка си Маха царот ја лиши од царското достоинсто, затоа шти беше ѝ служела на Астарта. Аса го сруши идолот нејзин, го исече на парчиња и го изгори во Кедронскиот дол. Иако идолските светилишта не беа премавнати во Израилот, но срцето на Аса беше наполно предадено на Господа во сите дни негови. Тој го внесе посветеното од таткото свој во Божјиот дом; среброто, златото и садовите. И немаше војна до триесет и петтата година од царувањето на Аса. Во триесет и шестата година од царувањето на Аса, израилскиот цар Васа се крена против Јудеја и почна да ја гради Рама, за да не му дозволи никому ниту да излегува од јудејскиот цар Аса, ниту да доаѓа кај него. Тогаш Аса изнесе сребро и злато од ризниците на домот Господов и на царскиот дом и ги испрати до сирискиот цар Вен-Адад, кој живееше во Дамаск, велејќи: »Да биде сојуз меѓу мене и тебе, како што беше меѓу татко ми и таткото твој; ти испраќам сребро и злато: оди и раскини го сојузот свој со израилскиот цар Васа, за да се повлече од мене.« Вен-Адад го послуша царот Аса и испрати свои војводи, што ги имаше кај себеси, против израилските градови, и тие го опустошија Ајнон, Дан и Авелмаим и сите житници во Нефатлимовите градови. Кога чу за тоа Васа, престана да ја гради Рама и ја прекина работата своја. А царот Аса ги собра сите Јудејци, и тие ги изнесоа од Рама камењата и дрвата, што ги употребуваше Васа за градење, и ги изгради со нив Гаваја и Мисфа. Во тоа време дојде јасновидецот Ананиј при јудејскиот цар Аса и му рече: »Бидејќи ти се потпре на сирискиот цар, а не си се надевал на Господа, твојот Бог, затоа се спаси од рацете твои војската на сирискиот цар. Етипците и Ливијците не беа ли со поголема сила и со многу повеќе коли и коњаници? Но штом ти се надеваше на Госпдоа, и Он ги предаде во раката твоја, зашто очите Господови ја гледаат целата земја, за да им помагаат на оние, чие што срце наполно Му е предадено Нему. Ти сега постапи неразумно; затоа отсега ќе имаш војни.« Тогаш Аса се налути на јасновидецот и го затвори во темница, бидејќи беше раздразнет од тоа против него. Во тоа време Аас го притискаа и некои од народот. Ете, делата на Аса, први и последни, се опишани во книгата на царевите јудејски и израилски. На триесет и деветтата година од царувањето свое Аса се разболе во нозете, и болеста негова се прошири до горните делови на телото; но во болеста своја не Го побара Господа, туку лекари. И почина Аса при татковците свои и умре во четириесет и првата година од царувањето свое. И го погребаа во гробницата, кој што сам си ја беше изградил во Давидовиот град; го положија на одарот, затрупан со благопријатни мириси и со разни вештачки масти, какви што изгореа големо множество за него. Наместо него стана цар синот негов Јосафат, којшто се зацврсти против Израилците. Тој распореди војски по сите утврдени градови на Јудеја и постави стражи по земјата Јудејска и по градовите Ефремови, што ги беше завладеал татко му Аса. И Господ беше со Јосафата, зашто одеше по правите патишта на таткото свој Давид и не ги побара Вааловците, туку Го побара Бога на таткото свој и постапуваше по Неговите заповеди, а не по делата на Израилците. И Господ го зацврсти царството во рацете негови; сите Јудејци му носеа подароци на Јосафата; тој се здоби со големо богатство и слава. Срцето негово му се возвиси во Господовите патишта; притоа тој ги премавна оброчиштата и младите шуми во Јудеја. А на третата година од царувањето ги испрати кнезовите свои Бенхаил, Овадија, Захарија, Натанаила, и Михеја да го поучуваат народот по Јудините градови, и со нив левитите: Семаја, Нетанија, Зевадија, Азаила, Семирамота, Јонатана, Адонија, Товија и Тов-Адонија, а со нив уште и свештениците Елишам и Јорам. Тие ги подучуваа Јудејците, носејќи ја со себе книгата на законот Господов; ги обиколуваа сите јудејски градови и го учеа народот. И ги обзеде страв Господов сите земни царста околу Јудеја, и не војуваа со Јосафата. А од Филистејците му носеа на Јосафата дарови и сребро за данок; исто така и Арапите му донесуваа ситен добиток: седум илјади и седумстотини овни и седум илјади и седумстотини јарци. Се издигаше Јосафат сѐ повеќе, и изгради во Јудеја домови градови и тврдини. Тој имаше големо богатство во јудејските градови, а во Ерусалим – храбри борци. Еве го нивниот список според домовите на татковците нивни: од Јуда илјаданачалници: Адна водач, којшто имаше триста илјади храбри војници; по него Јоанан началник, кој имаше двесте и осумдесет илјади; по него Амасија, Зихриев син, кој се беше посветил на Господа; тој имаше двесте илјади силни војници. Од Венијамина: храбриот војник Елијад, кој имаше двесте илјади вооружени со лак и штит; по него Јозавад, кој имаше сто и осумдесет илјади вооружени војници. Ете, тие му служеа на царот, освен од оние, што ги беше распоредил царот во утврдените градови по цела Јудеја. Јосафат имаше големо богатство и слава, па се сроди со Ахава. По неколку години отиде при Ахава во Самарија; и закла Ахав многу добиток, ситен и крупен, за него и за луѓето со него и го убедуваше да се кренат притив Рамот Галадски. И му рече Ахав, царот израилски, на Јосафата, царот јудејски: »Ќе дојдеш ли со мене во Рамот Галадски?« Тој му одговори: »Како што ќе одиш ти, така и јас, како твојот народ, така и мојот народ; ќе дојдам со тебе во војна!« Уште му рече Јосафат на царот израилски: »Прашај уште денес што ќе рече Господ.« Израилскиот цар собра четиристотини души пророци и им рече: »Да одиме ли во војна против Рамот Галадски, или ќе мируваме?« Тие одговорија: »Оди, и Господ ќе го предаде во раката на царот.« Јосафат праша: »Нема ли тука уште некој пророк Господов, да го прашаме и него?« Му одговори царот израилски на Јосафата: »Има уште еден човек, преку кого можеме да Го прашаме Господа, но јас него не го сакам, зашто тој не пророкоува добро за мене, туку секогаш пророкува лошото; тој е Михеј, син Јемлиев.« Јосафат му рече: »Не зборувај така, цару!« Царот израилски повика еден дворјанин и рече: »Оди поскоро да го повикаш Михеја, синот Јемлиев!« А царот израилски Ахав и Јосафат, царот јудејски, седеа секој на престолот свој, облечени во царска облека, седеа на плоштадот пред Самариските порти, и сите пророкуваа пред нив. Седекија, синот Хананов, си беше направил железни рогови и рече: »Вака вели Господ: ‚со нив ќе ги избодеш Сиријците, додека не ги истребиш.‘« И сите пророци го пророкуваа истото, велејќи: »Оди против Рамот Галадски, ќе имаш успех, и Господ ќе го предаде во раката на царот.« Испратениот, што отиде да го повика Михеја, му рече: »Ене, пророците едногласно му претскажуваат добро на царот; и твојот збор нека биде таков, како на секого од нив: изречи и ти добро.« Михеј одговори и рече: »Жив Господ! Она што ќе ми каже Господ, тоа ќе го изречам.« Кога дојде при царот, а царот му рече: »Михеј, да одиме ли во војна против Рамот Галадски, или да се воздржиме?« Тој одговори: »Одете, ќе имате успех; тие ќе бидат предадени во рацете ваши.« Царот му рече: »Колку пати ќе те заколнувам да не ми говориш ништо, освен вистината во името Господово?« Тогаш Михеј рече: »Ги видов сите синови на Израилот, распрснати по горите како овци без пастир, – и Господ рече: ‚тие немаат водач, секој нека се врати со мир во домот свој!‘« Царот израилски му рече на Јосафата: »Не ли ти реков, дека тој не ми пророкува добро, туку само лошо?« Михеј пак рече: »Тогаш чујте го зборот Господов: Го видов Господа, седнат на Својот престол, а сета војска небеска стоеше десно и лево од Него. И рече Господ: ‚Кој ќе го измами Ахава, израилскиот цар, да оди и да загине во Рамот Галадски?‘ И еден велеше вака, друг велеше инаку. Истапи еден дух, застана пред лицето на Господа и рече: ‚Јас ќе го измамам.‘ А Господ праша: ‚со што?‘ Тој одговори: ‚Ќе излезам и ќе станам дух на лагата во устата на сите пророци негови.‘ И рече Он: ‚Ти ќе го подмамиш и ќе успееш; оди и направи така.‘ И сега, ете, Господ допушти да влезе духот на лагата во устата на тие твои пророци, но Господ рече не е добро за тебе.« Тогаш пристапи Седекија, син на Ханана, па го плесна Михема и рече: »По кој пат премина од мене Духот Господов, за да говори во тебе?« А Михеј рече: »Ете, ќе го видиш тоа во оној ден, кога ќе бегаш од соба во соба, за да се сокриеш.« Тогаш израилскиот цар рече: »Земете го Михеја и одведете го при градоначланикот Емира и при кнезот Јоаса, царевиот син, и речете, вака вели царот: ‚затворете го овој во темница и хранете го скудно со леб и вода, додека да се вратам со мир.‘« А Михеј рече: »Ако се вратиш со мир, тогаш не говорел Господ со мене.« И пак рече: »Чујте го ова сите луѓе!« И тргнаа царот израилски и Јосафат, царот јудејски, кон Рамот Галадски. И царот израилски му рече на Јосафата: »Јас ќе се преоблечам и ќе влезам во борба, а ти облечи ги царските одежди.« И се преоблече царот израилски, и влегоа во битка. Тогаш царот сириски од својата кола им заповеда на војводите: »Не удирајте ни на мал ни на голем, туку само на царот израилски!« А кога началниците на колите го видоа Јосафата, си помислија: тоа е царот израилски, – и го опколија, за да се удрат со него. Но Јосафат извика, и Господ му помогна, и Бог ги одврати од него. Штом началниците на колите видоа, дека не беше царот израилски, се вратија од него. Во тоа време еден човек го затегна случајно лакот свој и го рани израилскиот цар низ составот на оклопот негов. И тој му кажа на човекот: »Врати се назад и изведи ме од војската, зашто сум ранет.« Но борбата во тој ден се засили; и израилскиот цар седеше на колата спроти Сиријците до вечерта и умре по зајдисонце. Кога Јосафат, царот јудејски, се враќаше со мир во домот свој во Ерусалим, излезе да го пресретни јановидецот Јуј, син Ананиев, и му рече на царот Јосафата: »Требаше ли да му помагаш на безбожникот и да ги сакаш оние, што Го мразат Господа? Затоа гневот Господов падна врз тебе. Но добро се најде во тебе, зашто ти ги истреби идолите во земјата Јудејска и го расположи срцето свое за да Го побараш Бога.« Јосафат живееше во Ерусалим. И пак почна да го обиколува народот свој од Вирсавија до Ефремовата гора, и ги поврати кон Господа, Бога на татковците нивни. И постави судии во земјата по сите утврдени градови на Јудеја, во секој град, па им рече на судиите: »Внимавајте што правите; вие вршите не суд човечки, туку суд Господов; во судската работа Бог е со вас. Затоа стравот Господов нека биде врз вас: работете внимателно, зашто кај Господа, нашиот Бог, нема неправда, ни лицемерие, ниту примање дарови.« Јосафат и во Ерусалим постави некои левити и свештеници и старешини на домовите татковски во Израилот – за суд Господов и за тужби. И се вратија во Ерусалим. Тогаш им заповеда, велејќи: »Така работете со страв Господов, со верност и со чисто срце: при секоја расправија, каква што ќе дојде кај вас од браќата ваши, што живеат по градовите свои, било за крвнина, или за закон, заповед, уредба и обреди, објаснувајте им да не грешат пред Господа, та да не дојде гневот Негов врз вас и врз браќата ваши: така работете, и нема да згрешите. И ете, првосвештеникот Амарија е над вас за секоја Господова работа, а Завадија, синот Измаилов, кнез на Јудиниот дом, – за секоја царска работа, а и книжниците и левитите се пред вас. Бидете црвсти и работете, и Господ ќе биде со добриот.« Потоа Моавците и Амонитите, а со нив и некои од земјата Моавска, појдоа во војна против Јосафата. Дојдоа и му јавија на Јосафата, велејќи: »Против тебе доаѓа големо множесто народ од преку море, од Сирија, и веќе се во Асасан-Тамар, односно во Енгеди.« Јосафат се уплаши и го сврти лицето свое и Го побара Господа и објави пост во цела Јудеја. Се собраа Јудејци да молат за помош од Господа; дојдоа да Го молат Господа од сите Јудини градови. И застана Јосафат во собранието на Јудејците и на Ерусалимците во Домот Господов, пред новиот трем, и рече: »Господи, Боже на татковците наши! Не си ли Ти Бог на небото? Ти владееш над сите царства на народите; и во Твојата рака е силата и цврстината, и никој не може да устои спроти Тебе! Не ли Ти, Боже наш, ги истера жителите на оваа земја, пред лицето на Твојот народ Израилот и му ја даде засекогаш на семето од Авраама, Твојот возљубен? Тие се населија во неа и Ти изградија во неа светилиште во Твое име, велејќи: ‚ако дојде врз нас неволја: меч-погубен, или помор, или глад, ќе застанеме пред овој дом и пред Твоето лице, зашто името Твое е во тој дом; и во маките свои ќе повикаме кон Тебе, и ти ќе нѐ чуеш и ќе нѐ избавиш.‘ И сега, еве, Амонитите и Моавците и жителите на гората Сеир, преку чии земји не дозволи да преминат Израилците, кога доаѓаа од Египетската земја, па затоа тие ги одминаа и не ги сотреа. А, еве, тие ни враќаат сега со тоа, што дошле да не истераат од Твоето наследствено владение, што си ни го дал. Боже наш! Суди им Ти. Зашто ние немаме сила против тоа големо множество, што нѐ нападнало и не знаеме, што да правиме; но очите ни се кон Тебе.« Сите Јудејци стоеја пред лицето Господово, и нивните мали деца, жените нивни и синовите нивни. Тогаш Духот Господов слезе среде собранието врз Јозиила, синот на Захарија, син Ванев, син Јеилов, син Матаниев, Левит од Асафовите синови. и рече: »Чујте сите Јудејци и жители ерусалимски, и ти, цару Јосафате! Вака ви вели Господ ваш: ‚Не плашете се и не стравувајте од тоа големо множество, зашто војната не е ваша, туку Божја. Излезете утре против нив: ете, тие ќе се искачуваат по ридот Асис, вие ќе ги најдете на крајот на долината, спрема пустињата Јеруил.‘ Овој пат нема вие да се борите: застанете, стојте и гледајте го спасението од Господа, што ви се испраќа. Јудо и Ерусалиме, не плашете се и не стравувајте! Излезете утре против нив, и Господ ќе биде со вас.« Јосафат се поклони со лицето до земја, и сите Јудејци и жители ерусалимски паднаа пред Господа, за да Му се поклонат. А левитите од синовите Катови и од синовите Корееви почнаа да Го слават Господа, Бога Израилев, со многу висок глас. Утредента станаа рано и тргнаа кон Текојската пустиња, и кога тргнаа, застана Јосафат и рече: »Чујте ме, Јудејци и жители ерусалимски! Верувајте Му на Господа, вашиот Бог, и бидете цврсти; верувајте им на пророците Негови и ќе имате успех.« Потоа се посоветува со народот и постави певци пред Господа, тие со своето благолепие, одејќи пред војската, да ја слават светоста и да велат: »Фалете Го Господа, зашто милоста Негова е засекогаш!« И кога почнаа да воскликнуваат и да славословат, Господ предизвика несогласност меѓу Амонитите, Моавците и жителите на гората Сеир, што ја беа нападнале Јудеја, и тие беа разбиени: зашто Амонитите и Моавците се кренаа против жителите на гората Сеир, и ги биеја и ги истребуваа, а кога завршија со жителите на Сеир, почнаа да се истребуваат едни со други. И кога Јудејците дојдоа на ридот при пустињата и го видоа она множесто, а таму – трупови, испружени по земјата, и никој не се беше спасил. Дојде Јосафат и народот негов да собираат плен, најдоа кај нив прилично многу и богатство, и облека и скапоцени работи, и собраа толку, што не можеа да носат. Три дни собираа плен – толку многу голем беше тој! А на четвртиот ден се собраа во долината на благословението, бидејќи таму Го благословија Господа. Затоа тоа место се вика Долина на благословението и до денес. Тогаш сите Јудејци и ерусалимците, на чело со Јосафата, тргнаа да се вратат во Ерусалим радосно, зашто Господ им даде победа над непријателите нивни. И дојдоа во Ерусалим со псалтири, гусли и труби пред домот Господов. И страв Божји нападна врз сите царства земни, кога слушнаа, дека Сам Господ војувал против непријателите на Израилот. И царството Јосафатово се успокои; Господ му даде мир од сите страни. Така царуваше Јосафат над Јудеја. Кога стана цар, беше на триесет и пет години, и царуваше во Ерусалим дваесет и пет години. Мајка му се викаше Азува, ќерка Салиева. Тој одеше по патот на татка си Аса и не се отстрани од него, вршејќи го она што е угодно пред очите на Господа. Само идолските светилишта уште не беа разрушени, народот сѐ уште не го беше свртел срцето свое кон Бога на татковците свои. Другите дела Јосафатови, први и последни, опишани се во записите на Јуја, синот Ананиев, кои се внесени во книгата на израилските цареви. Но потоа Јосафат, царот јудејски, се здружи со Охозија, цар израилски, кој постапуваше беззаконо; се поврза со него, за да градат кораби, што ќе ги испраќаат во Тарсис; а изградија и кораби во Гасион-Гавер. Тогаш Елиезер, синот Додиев од Мариса, пророкува за Јосафата и рече: »Бидејќи си се здружил со Охозија, Господ ќе го разруши твоето дело«. И корабите се разбија и не можеа да одат во Тарсис. И почина Јосафат при татковците свои и беше погребан со татковците свои во Давидовиот град. Место него цар стана синот негов Јорам. Неговите браќа, синови Јосафатови беа: Азарија, Јехиил, Захарија, Михаил и Сафатија; сите тие беа синови на Израилевиот цар Јосафат. Нивниот татко им даде големи подароци во сребро, злато и скапоцености, заедно со утврдените градови во Јудеја, а царството му го предаде на Јорама, бидејќи тој беше првороден. Јорам стапи на татковиот престол, се утврди и ги уби со меч сите свои браќа, а исто така и некои Израилеви кнезови; Јорам беше на триесет и две години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим осум години; тој одеше по патот на израилските цареви, како што постапуваше домот Ахавов, зашто Ахавовата ќерка му беше жена, – и го вршеше, она што беше неугодно пред очите Господови. Но Господ, пак, не сакаше да го погуби домот Давидов поради заветот, што го беше склучил со Давида, и поради тоа што беше ветил да му даде светилник нему и на синовите негови за сите времиња. Во неговите дни Едом се одметна од власта Јудина и си постави цар. Затоа Јорам тргна со своите војводи, и со сите коли свои; и станувајќи ноќе, го порази Едома, кого го беа опколиле, и началниците на колите и народот избега во живеалиштата свои. Но сепак Едом се одвои од власта на Јуда и до денес. Во исто време се одметна и Ливна од власта негова, зашто го беше оставил Господа Бога на татковците свои. Исто така и идолски светилишта направи по горите јудејски, ги воведе во блудство ерусалимските жители и ја соблазни Јудеја. И му дојде писмо од пророкот Илија, во кое се велеше: »Вака говори Господ, Бог на татка ти Давида: ‚затоа што не тргна по патиштата на татка си Јосафата и по патиштата на Аса, царот јудејски, туку појде по патот на израилските цареви и ги воведе во блудство Јудеја и ерусалимските жители, како што го воведуваше во блудство домот Ахавов, па уште и браќата свои, домот на татка си, кои беа подобри од тебе, ти ги умртви. Затоа, еве, Господ ќе го порази со голем пораз твојот народ и синовите твои, и жените твои, и целиот имот твој, а, пак, тебе, со лута болест, со болеста на цревата, така што од болеста ќе паѓаат делови од утробата од ден на ден.‘« И го подигна Господ против Јорама духот на Филистејците и Арапите, соседи на Етиопјаните; и тие се кренаа против Јудеја, навлегоа во неа и го ограбија сиот имот, што беше во домот на царот, а исто така и синовите негови, и жените негови, та не му остана друг син, освен Охозија, најмалиот од синовите негови. По сето тоа Господ ги порази цревата негови со болест неизлечива. Така одеше одден наден, а кон крајот на втората година му паднаа цревата од болеста негова и тој умре во страшни маки; и народот не запали за него благопријатни мириси како што правеше за татковците негови; тој беше на триесет и две години, кога стана цар, царуваше во Ерусалим осум години, и отиде неоплакан; го погребаа во Давидовиот град, но не во царските гробници. Жителите ерусалимски место него за цар го поставија Охозија, најмалиот негов син, бидејќи сите постари беа убиени од разбојници, што се беа приближиле до логорот со Арапите, – и така стана цар Охозија, синот на јудејскиот цар Јорама. Охозија беше на дваесет и две години, кога стана цар, и царуваше во Еруслим една година; мајка му се викаше Готолија, ќерка на Амврија. И тој исто така одеше по патиштата на Ахавовиот дом, зашто мајка му беше негова советничка во незаконските дела. Тој го вршеше, она што беше неугодно пред очите на Господа, како домот Ахавов, зашто по смртта на татка му тој дом му беше советник, за негавата пропаст. И, следејќи го нивниот совет, Охозија отиде со израилскиот цар Јорама, син Ахавов, во војна против Азила, сирискиот цар, во Рамот Гладски. И Сиријците го ранија Јорама; тој се врати во Израил да се лекува од раните, што му ги нанесоа во Рама, кога војуваше со Азаила, сирискиот цар. И Охозија, синот Јорамов, цар јудејски, дојде да го посети Јорама, синот Ахавов, во Израел, бидејќи тој беше болен. Тоа беше од Бога за пропаст на Охозија, затоа што тој дојде при Јорама; зашто, откако дојде, излезе со Јорама против Јуја, синот Намесиев, кого Господ го беше помазал за истребување на домот Ахавов. Кога Јуј извршуваше суд над домот Ахавов, ги најде кнезовите јудејски и синовите на Охозиевите браќа, кои му служеа на Охозија, и ги уби. Тогаш заповеда да го бараат Охозија; го фатија, кога се криеше во Самарија; го доведоа при Јуја, го убија и го погребаа, зашто велеа: тој е син на Јосафата, кој Го бараше Господа со сето срце свое! И не остана во домот Охозиев никој, кој би можел да царува. А Готолија, Охозиевата мајка, откако виде, дека син ѝ умрел, стана и го погуби сиот царски род на Јудиниот дом. Но царската ќерка Јосавета го зеде Охозиевиот син Јоаса, го грабна меѓу царските синови, кога ги убиваа, и го скри со хранителката во спалната соба. На тој начин Јосавета, ќерката на царот Јорама, жена на свештеникот Јодаја, сестра на Охозија, го сокри Јоаса од Готолија, и таа не го уби. И го криеја кај нив во домот Божји шест години; а над земјата царуваше Готолија. Но во седмата година Јодај се охрабри и ги зеде во сојуз со себеси стоначалниците, синот Јероамов, Исмаила, синот Јоанов, Азарија, синот Овидов, Масеја, синот Адаиев, и Елисафата, син Захариев. Тие ја обиколија земјата Јудина, ги собраа левитите од сите страни на Јудеја и Израилевите старешини на татковските домови и дојдоа во Ерусалим. И целото собрание склучи сојуз со царот во домот Божји. И Јодај им рече: »Еве, царскиот син треба да биде цар, како што рече Господ за синовите Давидови. Еве, што ќе направите: едната третина од вас, свештениците и левитите, што доаѓаа во сабота, нека бидат вратари при праговите, втората третина – при царскиот дом, третата третина – при портите на Јесод, а сиот народ нека биде во тремовите на домот Господов. И никој да не влегува до домот Господов, освен свештениците и оние од левитите, што служат. Тие можат да влезат, зашто се осветени; а сиот народ нека стои на стража Господова. И левитите нека го опколат царот од сите страни, и кој ќе влезе во домот Господов, да биде убиен. И бидете при царот, кога влегува и кога излегува.« Левитите и сите Јудејци направија така како што заповеда свештеникот Јодај; и секој си ги зеде своите луѓе, што доаѓаа во сабота, заедно со оние, што си заминуваа во сабота, зашто свештеникот Јодај не ги распушти смените. Свештеникот Јодај им ги раздаде на стотниците копјата и малите и големите цар Давидови штитови, што беа во Божјиот дом; и го постави сиот народ, секој со оружје свое во рацете, од десната страна на храмот до левата страна на храмот кај жртвеникот и при домот околу царот. Тогаш го изведоа царскиот син, му ставија венец и го прогласија за цар; го помаза Јодај и синовите негови и извика: »Да живее царот!« Кога го чу Готолија гласот на раздвижениот народ, кој го фалеше царот, излезе кај народот во домот Господен и виде: ете царот стои на своето возвишено место при влезот, а кај царот – кнезови и труби, и сиот народ на таа земја се весели, трубат со трубите и со свирки пеачи, вешти во славословието. Тогаш Готолија ја раскина својата облека и почна да вика: »Заговор! заговор!« Тогаш свештеникот Јодај ги повика стоначалниците кои началствуваа над војската, и им рече: »Изведете ја надвор од храмот, и кој ќе тргне по неа да биде убиен со меч. Зашто свештеникот рече: не ја убивајте во домот Господов.« И ѝ направија пат; а кога таа дојде при влезот на коњската врата на царскиот дом, ја убија таму. Јодај склучи завет со целиот народ и со царот, за да бидат народ Господов. И целиот народ отиде во Вааловото капиште та го разруши, и жртвениците негови и идолите негови ги разрушија, а Матана, Вааловиот свештеник, го убија пред жртвениците. И им ги довери Јодај делата на Господовиот дом на свештениците и левитите и ги обнови дневните свештенички и левитски смени, како што ги беше распоредил Давид до домот Господов, да Му вознесуваат сепаленица на Господа, како што е напишано во законот Мојсеев, со радост и пеење, по Давидовата наредба. И постави вратари при вратата на домот Господов, за да не влегува никој нечист од што и да било. И ги зеде стоначалниците и велможите, началниците народни и целиот народ на земјата и сите го придружуваа царот од домот Господов; тие минаа низ горната врата во царскиот дом и го ставија царот да седне на царскиот престол. И се веселеше целиот народ на таа земја и градот се смири. А Готолија ја убија со меч. Јоас беше на седум години, кога стана цар и царуваше во Ерусалим четириесет години; мајка му се викаше Савија, од Вирсавија. Јоас вршеше она што беше угодно пред очите на Господа преку сите денови на свештеникот Јодај. Јодај му зеде две жени, и тој имаше од нив синови и ќерки. Потоа Јоас намисли да го обнови домот Господов, И ги собра свештениците и левитите и им рече: »Одете по градовите на Јудеја и секоја година собирајте од сите Израилци сребро за одржување на домот на нашиот Бог, и побрзајте во таа работа.« Но левитите не побрзаа. И царот го повика Јодаја, нивниот главатар, и му рече: »Зошто не бараш од левитите да го донесуваат од Јудеја и Ерусалим данокот, уставновен за скинијата на собранието од Мојсеја, слуга Господов, и од Израилското собраните?« Бидејќи нечестивата Готолија и синовите нејзини го беа разурнале домот Божји, и сѐ, посветено на домот Господов, го беа употребиле за Вааловци. Царот заповеда, та направија ковчег и го поставија при влезот на домот Господов, однадвор, па разгласија по Јудеја и Ерусалим да Му Го принесуваат на Господа данокот, наложен од Мојсеја, слугата Божји, на Израилците во пустињата. Се зарадуваа сите начланици и сиот народ, па принесуваа и пуштаа во ковчежето, додека не се наполни. И кога левитите, пак, го донесуваа ковчежето при царските чиновници, и тие гледаа, дека има многу сребро, доаѓаше царскиот писар и повереникот на првосвештеникот, го празнеа и пак го однесуваа и го ставаа на истото место негово. Така правеа секој ден, и собраа многу сребро. Царот и Јодај го предаваа на распоредниците по домот Господов, и тие најмуваа каменоресци и дрводелци за подновување на домот Господов, исто така и ковачи и казанџии, за да го поправат домот Господов. Распоредниците работеа, и со нивните раце се изврши поправката, и го дотераа домот Божји во поранешна состојба и го поправија. И кога завршија сѐ, му го однесоа на царот и на Јодаја останатото сребро. И направија од него садови за домот Господов, садови за служба и сепаленици, чаши и други садови, златни и сребрени. И принесуваа сепаленици во домот Господов постојано преку сите денови на Јодаја. Јодај остаре и, откако се насити од животот, умре: тој беше на сто и триесет години кога умре. Го погребаа во Давидовиот град при царевите, бидејќи тој правеше добро во Израилот – и за Бога и за домот Негов. Но по смртта на Јодаја дојдоа Јудејските кнезови и му се поклонија на царот; оттогаш царот почна да ги слуша. И го оставија домот Господов, Бога на татковците свои, и почнаа да им служат на посветените дрвја и на идолите; за таа вина нивна стана гневот Господов и врз Јуда и Ерусалим. Тој им испрати пророци за да ги повратат кон Господа и им сведочеа, но тие не ги послушаа. И Духот Божји го исполни Захарија, синот на свештеникот Јодај, и тој застана на возвишението пред народот и им рече: »Вака вели Господ: зошто ги прекршувате Господовите заповеди? Успех нема да имате: како што вие го оставивте Господа, така и Он ќе ве остави.« Тогаш се побунија против него и го убија со камења, по заповед на царот Јоас, во дворот на Господовиот дом. Царот Јоас не се сети на доброто, што му го беше направил Јодај, таткото на Захарија, а го уби синот негов. И тој, умирајќи велеше: »Нека види Господ и нека побара;« Откако измина годината, излезе против него сириска војска и влегоа во Јудеја и Ерусалим и ги истребија од народот сите кнезови народни и сиот плен, земен од нив и му го испратија на царот во Дамаск. Иако сириската војска беше дошла во мал број, но Господ им предаде во рацете нивни мошне многубројна сила, затоа што Го беа оставиле Господа, Бога на татковците нивни. Тие му судеа и на Јоаса. Кога си отидоа од него, откако го оставија во тешка болест, слугите негови направија заговор против него, заради крвта на синот на свештеникот Јодај, го убија во леглото негово, и тој умре. Го погребаа во Давидовиот град, но не го погребаа во царските гробници. А заговорници против него беа: Завад, син на Амонитката Симеата, и Јехозавад, син на Моавката Шимрита. За синовите негови, за многуте пророштва против него и за обновувањето на Божјиот дом е напишано во книгата на царевите. Наместо него стана цар синот негов Амасија. Амасија стана цар на дваесет и пет години и царуваше во Ерусалим дваесет и девет години; мајка му се викаше Јехоадан, од Ерусалим. Тој вршеше она што беше угодно пред очите на Господа, но не со полно срце. Кога се зацврсти на царството, тој ги уби слугите свои, што го беа убиле царот, таткото негов. Но децата нивни не ги погуби, бидејќи е напишано во законот, во книгата Мојсеева, каде што Господ заповедал, велејќи: да не биваат убивани татковците заради децата, и децата да не бидат убивани заради татковците, туку секој треба да умре заради својот престап. Амасија ги собра Јудејците, ги нареди според племињата нивни под власта на илјадници и стотници – сите Јудејци и Венијаминовци; ги преброи од дваесет години и нагоре, и ги најде триста илјади души одбрани, кои што одат во војна и држат копје и штит. Тој најми од Израилците уште сто илјади храбри војници за сто таланти сребро. Но дојде при него човек Божји и рече: »Царе, нека не оди со тебе израилска војска, зашто Господ не е со Израилците, не е со никого од Ефремовите синови, туку оди сам, врши работа, бори се храбро во војната. Инаку, ќе те фрли Бог пред непријателот, зашто во Бога има сила да поткрепи и собори.« Амасија му одговори на Божјиот човек: »А што да се прави со стоте таланти, што ѝ ги дадов на израилската војска?« Божјиот човек рече: »Господ може да ти даде повеќе од тоа.« Амасија ги оддели, – војската, која беше дошла при него од земјата Ефремова, – да си одат во своето место. И тие се разгневија силно против Јудеја и се вратија во своето место многу налутени. Амасија пак се осмели и го поведе народот свој, та отиде во Солената Долина и изби десет илјади синови Сеирови; и десет илјади заробија живи синовите Јудини и ги одведоа на врвот од карпата, и ги турнаа оттаму и тие сите сосема се разбија. А војската, што ја врати Амасија, за да не оди со него во војна, се растури по јудејските градови од Самарија до Ветерон, во кои уби три илјади души и собра многу плен. Кога си дојде Амасија по поразот на Идумејците, ги пренесе боговите на Сеировите синови, ги постави кај себеси за богови и пред нив се клањаше и им кадеше. Поради тоа се разгори гневот Господов против Амасија, и Он му испрати пророк, кој што му рече: »Зошто прибегнуваш кон боговите на тој народ, кои што не го избавија својот народ од раката твоја?« Додека тој говореше, царот одговори: »Зар те поставив за царски советник? Престани, за да не те убијат.« И пророкот престана, велејќи: »Знам, дека Господ решил да те погуби, бидејќи ти го направи тоа и не го слушаше мојот совет.« Се посоветува Амасија, царот јудејски, и испрати да му кажат на израилскиот цар Јоас, син на Јоахаза, Јуевов син: »Излези да се видиме лице во лице.« Тогаш израилскиот цар Јоас изпрати до јудејскиот цар Амасија да му кажат: »Трнот ливански испратил да му кажат на кедарот ливански: дај ја ќерката си на синот мој за жена. Но минале диви ѕверови ливански и го изгазиле тој трн. Ти велиш: ете, ги избив Идумејците, – и срцето твое се возгордеа до пустославие. Седи подобро во домот свој. Зошто да се зафаќаш со опасна работа? Ќе паднеш ти, и Јудеја со тебе.« Но Амасија не послуша, бидјеќи тоа беше од Бога, – за да ги предаде во раката на Јоаса, заради тоа што прибегна кон идумејските богови. Излезе Јоас, царот израилски, и се видоа лице со лице, тој и Амасија, цар јудејски, во Ветсамис Јудејски. И беа разбиени Јудејците од Израилците, и се разбегаа секој во шаторот свој. И го улови Јоас, цар израилски, Амасија, царот јудејски, син на Јоаса, го доведе во Ерусалим и го собори ерусалимскиот ѕид во должина од четиристотини лакти – од Ефремовите порти до аголните порти; го зеде сето злато и сребро и сите садови, што беа во домот Божји во Овед-Едом, и ризницата на царскиот дом, и заложниците, и се врати во Самарија. Амасија, син Јоасов, цар јудејски, живееше по смртта на израилскиот цар Јоас, Јоахавов син, петнаесет години. Другите Амасиеви дела, прво и последно, се опишани во книгата на царевите јудејски и израилски. Потоа, откако Амасија отстапи од Господа, направија заговор против него во Ерусалим, и тој избега во Лахис. Испратија по него во Лахис, и го убија таму. И го донесоа на коњи, та го погребаа кај татковците негови во Јудиниот град. Сиот народ го зеде Озија, кој имаше шеснаесет години, та го постави за цар на местото на таткото негов Амасија. Тој го изгради Елат и ѝ го врати на Јудеја, откако царот, таткото негов почина кај татковците свои. Озија имаше шеснаесет години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим педесет и две години; мајка му се викаше Јехолија од Ерусалим. Тој вршеше она што беше угодно пред очите на Господа, токму онака, како што вршеше и татко му Амасија; прибегнуваше кон Бога во дните на Захарија, којшто учеше на страв Божји; и во оние денови, додека прибегнуваше кон Господа, Бог му помагаше. Тој излезе и се судри со Филистејците и ги разруши ѕидовите на Гет, и ѕидовите на Јавнија, и ѕидовите на Азот; ги изгради градовите во Азотската област и кај Филистејците. И Бог му помагаше против Филистејците и против Арапите, што живееја во Гур-Ваал, и против Меунците. И Амонитите му плаќаа данок на Озија; и се прочу името негово дури во египетските предели, зашто беше многу силен. Озија изгради кули во Ерусалим над аголните порти, над портите кон долината и на аголот, и ги зацврсти. Изгради кули и во пустињата, ископа и многу кладенци, бидејќи тој имаше многу добиток, како во низините, така и во рамнината, и земјоделци и градинари по планините и на Кармил, бидејќи го сакаше земјоделството. Озија имаше војска, која излегуваше во војна по одделенија, според она како што беа изброени во списокот, составен од раката на писарот Јеила, и надѕирателот Маасеја, под водството на Хананија, голем царски великодостојник. Сите оценачалници, храбри војници, беа на број две илјади и шестотини, и под команда на раката нивна имаше воена сила триста и седум илјади и петстотини души, кои влегуваа во битка со воинствена храброст, да му помагаат на царот против непријателот. И подготви Озија за нив, за целата војска, штитови и копја, шелмови и оклопи, лакови и камења за праќки. Направи во Ерусалим вешто измислени машини, да стојат на кулите и аглите, за да се фрлаат со нив стрели и големи камења. И се прочу името негово далеку, зашто се беше зацврстил чудно и беше станал многу силен. Но кога стана силен, се возгордеа срцето негово за негово загинување, и тој стана престапник пред Господа, својот Бог, зашто влезе во храмот Господов за да запали темјан на кадилниот жртвеник. По него отиде свештеникот Азарија и со него осумдесет Господови свештеници, одлични луѓе; тие му се противставија на царот Озија и му рекоа: »Не е твоја работа, Озија, да му кадиш на Господа; тое е работа на свештениците, синови Аронови, посветени за кадење; излези од светилиштето, зашто постапи незаконито, и тоа нема да ти биде за чест пред Господа Бога.« Се налути Озија, – а во раката негова имаше кадилница за кадење, и кога се налути на свештениците, се појави лепра на челото негово, пред лицето на свештениците во домот Господов, при кадилниот жртвеник. Го погледна првосвештеникот Азарија и сите свештеници; и ете, имаше лепра на челото свое. Го принудија да излезе оттаму, па и самиот тој брзаше да се оддалечи, зашто го порази Господ. И остана лепрозен царот Озија до денот на смртта своја, и живееше во посебна куќа и беше отстранет од домот Господов. А Јоатам, неговиот син, началствуваше над царскиот дом и управуваше со народот во земјата. Другите дела Озиеви, први и последни, ги опишал пророкот Исаија, син Амосов. И почина Озија при татковицте свои, и го пограбаа кај татковците негови во полето при царските гробници, зашто велеа, тој е лепрозен. А наместо него стана цар синот негов Јоатам. Јоатам беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим шеснаесет години; мајка му се викаше Јеруса, Садакова ќерка. Тој вршеше она што Му беше угодно пред очите на Господа, токму онака како што правеше Озија, таткото негов, само што не влегуваше во Господовиот храм, а народот сѐ уште грешеше. Тој ја изгради и горната врата на домот Господов и изгради многу нешто на ѕидот Офел; изгради и градови во Јудејската планина, а во горите изгради дворци и кули. Тој војуваше со царот на Амонитите и ги победи, и Амонитите му дадоа во таа година сто талатни сребро и десет илјади мери пченица и десет илјади мери јачмен. Тоа му го даваа Амонитите и во втората и третата година. Затоа Јоатам беше толку силен, бидејќи ги управуваше патиштата свои пред Господа, својот Бог. Другите дела на Јоатама и сите негови војни и однесување се опишани во книгата на царевите израилски и јудејски. Тој беше на дваесет и пет години кога стана цар, а царуваше шеснаесет години во Ерусалим. И почина Јоатам при татковците свои, и го погребаа во Давидовиот град. И наместо него стана цар синот негов Ахаз. Ахаз беше на дваесет години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим шеснаесет години; и тој не го вршеше угодното во очите Господови, како што правеше таткото негов Давид; тој одеше по патот на израилските цареви, и дури направи излеани кипови на Вааловци; и тој кадеше во долината на Еномовите синови, и го протеруваше низ огин синовите свои, подражавајќи ги гнасотиите на оние народи, коишто Господ ги прогони пред лицето на Израилевите синови; принесуваше жртви и кадеше по оброчиштата и по ридовите и под секое разгрането дрво. Затоа Господ, неговиот Бог, го предаде во рацете на сирискиот цар, и Сиријците го разбија и му зедоа многу заробеници, кои ги одведоа во Дамаск. Беше предаден и во рацете на израилскиот цар, и тој му нанесе голем пораз. Факеј, син Рамалиев уби во еден ден сто и дваесет илјади Јудејци, луѓе воинствени, затоа што го беа оставиле Господа, Бога на татковците свои. А Зихриј, силен јунак од Ефремците, го уби Масеја, царевиот син, и Азрикама, началник на дворот, и Елкана, втор по царот. И зедоа синовите Израилеви од браќата свои, Јудејците, двесте илјади жени, синови и ќерки; ограбија и многу плен од нив, и го однесоа ограбеното во Самарија. Таму имаше пророк Господов, по име Одед. Тој излезе пред војската, која, одеше во Самарија, и им рече: »Ете, Господ, Бог на татковците ваши, во гневот Свој против Јудејците, ги предаде во ваше рака, и вие ги избивте со таква јарост, која стигна до небесата. И сега мислите да ги направите синовите на Јуда и Ерусалим ваши робови и робинки. А зар немате и вие вина пред Господа, вашиот Бог? Затоа послушајте ме, и вратете ги плениците, што сте ги заробиле од браќата свои, зашто пламенот на гневот Господов е на вас.« И некои од началниците на синовите Ефремови: Азарија, син Јехохананов, Берехија, син Мешилемотов, Езекија, син Салумов, и Амаса, син Хадлеев, застанаа спроти оние што доаѓаа од војна. и им рекоа: »Не ги доведувајте плениците тука, зашто би згрешиле пред Господа. Зар мислите да придодадете уште кон гревовите наши и кон престапите наши? Нашата вина е голема, и пламенот на гневот Господов е врз Израилот.« И вооружените ги оставија плениците и пленот при воените началници и пред целото собрание. И станаа споменатите по име мажи, ги зедоа плениците, и сите што беа голи ги облекоа од ограбеното, – ги облекоа и ги обуа, и ги нахранија, и ги напоија, и ги помазаат со масло, и ги качија на осли сите слаби, и ги испратија во Ерихон, град на палмите, при браќата нивни, и се вратија во Самарија. Во тоа време царот Ахаз испрати до асирските цареви да му помогнат, зашто Идумејците уште напаѓаа и мнозина избија И пленија во Јудеја, а Филистејците се растурија по градовите во низината и во јужна Јудеја и го презедоа Ветсамис и Ајалон, Гадерот и Сохот со потчинетите му градови. Тимна со потчинетите ѝ градови и Гимзо со потчинетите му градови, и се населија таму. Така ја понижи Господ Јудеја поради Ахаза, царот јудејски, зашто тој ја разврати Јудеја и тешко грешеше пред Господа. И дојде кај него асирскиот цар Теглатфеласар, но му беше од штета, наместо да му помогне, зашто Ахаз ги зеде ризниците од домот Господов, од царскиот дом и од кнезовите, и сѐ му даде на асирскиот цар, но и тоа не му помогна туку го ожалости. И во таа притеснета положба тој продолжуваше да прави беззаконија пред Господа, тој – царот Ахаз; им принесуваше жртви на дамаските богови, мислејќи, дека тие го поразија, па велеше: »Боговите на сириските цареви им помагаат; ќе им принесам жртва, тие и на мене ќе ми помогнат.« Но тие беа за паѓањето негово и на целиот Израил. Ги собра Ахаз садовите на домот Божји и ги разби, ја затвори вратата на домот Господов и си изгради жртвеници по сите агли на Ерусалим, по сите градови Јудини направи оброчишта, за да кади на туѓи богови, и Го дразнеше Господа, Бога на татковците свои. Другите дела и сите негови постапки, првите и последните, се опишани во книгата на царевите јудејски и израилски. И почина Ахаз при татковците свои, и го погребаа во градот, во Ерусалим, но не го внесоа во гробниците на израилските цареви. Наместо него стана цар синот негов Езекија. Езекија стана цар на дваесет и пет години, и царуваше во Ерусалим дваесет и девет години; мајка му се викаше Авија, Захариева ќерка. Тој правеше она што беше угодно пред очите Господови, токму онака како и таткото негов Давид. Уште во првата година на царувањето свое, во првиот месец, тој ги отвори вратите на домот Господов и ги обнови; и им заповеда на свештениците и левитите да дојдат, ги собра на источниот плоштад и им рече: »Послушајте ме, левити! Сега осветете се, осветете го и домот на Господа, Бога на татковците ваши; исфрлете ја нечистотијата од светилиштето. Зашто татковците наши постапуваа незаконито и вршеа она што беше неугодно пред очите на Господа, нашиот Бог, Го оставија, го одвратија лицето свое од Господовото живеалиште, Му свртија грб, ја затворија вратата на притворот, ги угаснаа светилниците, не палеа кадило и не принесуваа сепаленици во светилиштето на израилевиот Бог. И гневот Господов беше врз Јудеја и врз Ерусалим, и Он ги предаде на презир, на опустошување и на потсмев, како што гледате со очите свои. Ете, татковците наши паднаа од меч, а синовите наши, и ќерките наши, и жените наши за тоа се во плен во туѓа земја досега. И сега имам на срце да склучам завет со Господа, Бог Израилев, та да го отстрани од нас пламенот на гневот Свој. Деца мои! Не бидете немарни, зашто Господ ве избра за да претстоите пред лицето Негово, да Му служите и да Му бидете служители и да кадите.« Тогаш станаа левитите: Махат, син Амасаев, и Јоел, син Азариев, – од синовите Каатови; и од синовите Мерариеви: Кис, син Авдиев, и Азарија, син Јехалелов; и од племето Гирсоново: Јоах, син на Зима, и Еден, син Јоахов; и од синовите Елисафанови: Симри и Јеиел; и од синовите Асафови: Захарија и Матанија; и од синовите Еманови; Јехиел и Симеј; и од синовите Идитунови: Семаја и Узиел. Тие ги собраа браќата свои, се осветија и отидоа по заповед на царот да го очистат домот Господов, според словото Господово. Свештениците влегуваа внатре во домот Господов, за да го очистат, и сето нечисто, она што најдоа во храмот Господов, го изнесоа во дворот на домот Господов, а левитите го зедоа тоа да го изнесат надвор кон потокот Кедрон. И почнаа да осветуваат на првиот ден од првиот месец, и на осмиот ден на истиот месец влегоа во притворот Господов; го осветуваа домот Господов осум дена, и на шеснаесеттиот ден од првиот месец завршија. Тогаш дојдоа во домот при царот Езекија и рекоа: »Го исчистивме домот Господов и жртвеникот за сепаленици, и сите негови садови, и трпезата за лебовите на предложението, и сите нејзини садови; сите садови што беше ги зафрлил царот Ахаз во текот на царувањето свое, во своето беззаконие, ги приготвивме и осветивме; ете, тие се пред Господовиот жртвеник.« Утредента рано царот Езекија стана, ги собра градските началници и отиде во домот Господов. И дотера седум телиња, седум овни, седум јагниња и седум козли – да ги принесат како жртва за грев, за царството, за светилиштето и за Јудеја; и им заповеда на свештениците, синови Аронови, да принесат сепаленици врз Господовиот жртвеник. И ги заклаа телците, а свештениците зедоа крв и го поросија жртвеникот; ги заклаа овните и го поросија со крв жртвеникот; ги заклаа јагнињата и го поросија со крв жртвеникот. Ги дотераа и козлите за грев пред царот и собранието, и тие ги положија врз нив рацете свои. Свештениците ги заклаа и го исчистија со нивната крв жртвеникот, за да се истријат гревовите на целиот Израил, зашто царот беше заповедал да се принесе сепалиница и жртва за грев за целиот Израил. И постави левити во домот Господов со кимвали, псалтири и гусли, според наредбите на Давида и Гада, јасновидец царски, и на пророкот Натан, бидејќи таа заповед беше дадена од Господа преку пророците Негови. И застанаа левитите со Давидовите свирки и свештениците со труби. Тогаш Езекија заповеда да принесат сепаленица врз жртвенкот. И кога почна сепаленицата, почна пеење на Господа со звуци на трубите и свирките на Давида, цар Израилев. И целото собрание се молеше, пеачите пееја и трубите трубеа, додека не заврши сепаленицата. А кога заврши сепаленицата, царот и сите, што беа при него, се наведнаа и се поклонија. Царот Езекија и кнезовите им рекоа на левитите да Го слават Господа со зборовите на Давида и јасновидецот Асаф; тие славеа со радост и се наведнуваа и се поклонуваа. Продолжи Езекија и рече: »Сега вие Му се посветивте на Господа: пристапувајте и принесувајте жртви и благодарствени принесувања во домот Господов.« И целото собрание почна да принесува жртви и благодарствени приноси, и на кого срцето му беше расположено – и сепаленици. А бројот на сепалениците, што собранието ги донесе, изнесуваше: седумдесет волови, сто овни, двесте јагниња – сето тоа за сепаленица на Господа. Други свештени жртви имаше: шестотини глави крупен добиток и три илјади ситен добиток. Но свештениците беа малку и не можеа да ги одерат кожите од сите сепаленици, па им помагаа браќата нивни левитите, додека се сврши работата и додека се осветија другите свештеници, зашто левитите беа поусрдни во освештението свое, отколку свештениците. А притоа имаше многу сепаленици со масни меса од мирните жртви и со преливи врз сепаленицата. Така беше востановено служењето во домот Господов. И се радуваше Езекија и целиот народ, поради тоа што Бог така го расположи народот, бидејќи тоа стана неочекувано. Испрати Езекија по целата земја Израилска и Јудеја, пишуваше и писма до Ефрема и племињата на Манасија, да дојдат во домот Господов во Ерусалим, за да направат Пасха на Господа, Бога Израилев. А во советот царот и кнезовите и целото собрание во Ерусалим решија да направат Пасха на вториот месец. бидејќи не можеа да ја направат кога ѝ беше времето, зашто уште немаше доволен број осветени свештеници, па и народот не се беше собрал во Ерусалим. Тоа му се допадна на царот и на целото собрание. И решија да разгласат по цел Израил, од Вирсавија до Дан, да отидат во Ерусалим да Му направат Пасха на Господа, Бога Израилев, зашто одамна не ја беа правеле, како што е наредено. И тргнаа брозоодци со писма од царот и од кнезовите негови по целата земја Израилска и Јудеја, и по заповед на царот велеа: »Деца Израилеви! Обрнете се кон Господа, Бога Авраамов, Исаков и Израилев, и Он ќе се сврти кон оние, што се унесреќени меѓу вас од раката на асирските цареви. И не бидете како татковците ваши и браќата ваши, кои постапуваа беззаконо пред Господа, Бога на татковците ваши, и Он ги предаде за истребување, како што гледате. Сега не бидете тврдоглави како татковците ваши, покорете Му се на Господа и доаѓајте во светилиштето Негово, кое Он го освети засекогаш; служете Му на Господа, нашиот Бог, и Он ќе го отстрани од вас пламенот на гневот Свој. Кога ќе се обрнете кон Господа, браќата ваши и децата ваши ќе најдат милост кај оние, што ги заробиле, и ќе се вратат во оваа земја; зашто Господ, Бог наш, е благ и милосрден и нема да го сврти лицето од вас, ако се обрнете кон Него.« Брзоодците одеа од град во град по земјата Ефремова и Манасиева, дури до Завулоновата, но им се смееја и се подбиваа со нив. Но пак некои од коленото Асирово, Манасиево и Завулоново се смирија и дојдоа во Ерусалим. А над Јудеја беше раката Божја, та им даде едно срце, за да ја исполнат заповедта на царот и кнезовите, според словото Господово. И се собра во Ерусалим многу народ, за да го празнуваат празникот на Бесквасниците през вториот месец: собранието беше мошне многубројно. Па станаа и ги растурија жртвениците, што беа во Ерусалим, и сѐ, врз кое кадеа на идолите, испокршија и го фрлија во потокот Кедрон, го заклаа пасхалното јагне на четиринаесеттиот ден од вториот месец. Свештениците и левитите, посрамени, се осветија и принесоа сепаленица во домот Господов, и застанаа по своите места, според уредбата своја, по законот на Мојсеја, Божји човек. Свештениците оросуваа со крв, земајќи ја од рацете на левитите. А бидејќи во собранието имаше мнозина кои не беа се осветиле, тогаш, наместо тие нечистите, го колеа пасхалното јагне левитите, за да го посветат на Господа. Мнозина од народот, повеќето од коленото Ефремово и Манасиево, Исахарово и Завулоново, не се очистија; но и тие јадеа пасха, не според законот. Но Езекија се помоли за нив и рече: »Благиот Господ да прости секого, кој што го расположил срцето свое да Го бара Господа Бога, Бог на татковците свои, макар и без свештено очистување.« И Господ го послуша Езекија и му прости на народот. Така синовите Израилеви, кои што беа во Ерусалим, го извршија празникот на Бесквасниците през седум дена со голема веселба; секој ден левитите и свештениците Го славеа Господа со свирки, нагласени за славословување на Господа. И говореше Езекија според срцето на сите левити, кои знаеја добро да Му служат на Господа. И ја јадеа празничната жртва седум дена, принесувајќи мирни жртви и славејќи Го Господа, Бога на татковците свои. И целото собрание реши да празнува други седум дена, и ги поминаа тие седум дена во веселба, зашто Езекија, цар Јудејски, дотера за собраните илјада телиња и десет илјади ситен добиток, а велможите дотераа за собраните илјада телиња и десет илјади ситен добиток; тогаш веќе се осветија мошне многу свештеници. И се веселеа сите собрани од Јудеја, свештеници и левити, и целото собрание, надојдено од Израил, и дојденците што беа дошле од Израилската земја и кои што живееја во Јудеја. И стана голема веселба во Ерусалим, зашто од дните на Соломона, син Давидов, цар Израилев, не се случи такво нешто во Ерусалим. Тогаш станаа свештениците и левитите и го благословија народот; и нивниот глас беше чуен од Господа, и молитвата нивна се вознесе до небесата, во светото Негово живеалиште. Откако заврши сето тоа, сите Израилци што се најдоа таму, отидоа по јудејските градови, та ги испокршија идолите, ги исекоа посветените дрвја, ги разрушија оброчиштата и жртвениците докрај по целата Јудеја и во земјата Венијаминова, Ефремова и Манасиева. Потоа се вратија сите синови Израилви, секој во владението свое, во градовите свои. И нареди Езекија свештенички и левитски смени, според распределбата нивна, секој при својата работа, свештеничка и левитска, при сепаленица и при мирни жртви, за служба, за фалење и славословие, при вратата на домот Господов. И определи царот дел од имотот свој за сепаленици; за утрни и вечерни сепаленици, за сепаленици во саботите според новомесечијата и празниците, како што е запишано во законот Господов. Му заповеда уште на народот во Ерусалим, да им дава одредена издршка на свештениците и левитите, за да бидат ревносни во законот Господов. Кога се разгласи таа заповед, синовите Израилеви издонесоа многу големи количества: жито, вино, дрвено масло, мед и секакви полски производи; донесоа уште десеток од сѐ во изобилство. Израилците и Јудејците што живееја по јудејските градови, исто така донесоа десеток од крупниот и ситниот добиток и десеток од жртвите, посветени на нивниот Господ Бог; и натрупаа купишта и купишта. Почнаа во третиот месец да натрупуваат купишта, и завршија во седмиот месец. И дојдоа Езекија и велможите и видоа купишта, Го благословија Господа и народот Негов Израила. Тогаш ги праша Езекија свештениците и левитите за тие купишта. Му одговори Азарија, првосвештеник од домот Садоков, и рече: »Откако почнаа да носат приноси во домот Господов, јадевме до наситување и пак остана многу, зашто Господ го благослови народот Свој. Ова големо множество е остаток.« Тогаш Езекија заповеда да подготват соби при домот Господов. И тие подготвија. И ги пренесоа таму приносите, десетоците и жртвите со голема точност. Настојник кај нив беше левитот Хоманиј, а братот негов Симеј го држеше второто место. А Јеил, Озија, Наед, Асаил, Јеримот, Јозавад, Елиил, Самахија, Мат и Ванаја беа надзорници под управа на Хонанија и неговиот брат Самеја – по наредбата на царот Езекија и Азарија, началникот при Божјиот дом. Кореј, синот на Јемнин, левит, вратар на источната страна, беше при доброволните приноси на Бога, за да го разделува принесеното на Господа и најважните осветени предмети. Под негова управа беа: Одом, Венијамин, Исус, Семеја, Амарија и Сехонија во свештеничките градови, за да раздаваат делови на браќата свои точно, како на големите, така и на малите. надвор од списокот нивни, на сите од машки пол од три години и нагоре, на сите, што одат во домот Господов за секојдневните работи, – за службата нивна, според должностите нивни и според редовите нивни; на запишаните свештеници во списокот, според поколенијата нивни, на левитите од дваесет години и нагоре, според должностите нивни според редовите нивни, на запишаните во списокот со сите нивни малолетни, со жените нивни, синовите нивни и ќерките нивни, – на сето општество, бидејќи тие со целосна верност ѝ се посветија на свештената служба. А за синовите Аронови, свештеници во селата околу градовите нивни, во секој град беа поставни мажи определени да ги раздаваат деловите на сите од машки пол при свештениците и на сите, запишани во списокот при левитите. Еве што направи Езекија по цела Јудеја; тој го правеше, она што е добро и право и вистинито пред Господа, својот Бог. И во сѐ она, што го преземаше за да му служи на Божјиот дом и да го запази законот и заповедите, мислејќи на својот Бог, тој се трудеше од сѐ срце, и имаше успех. По таквите дела и таквата верност дојде Сенахирим, царот асирски, навлезе во Јудеја, ги опседна утврдените градови и намераваше да ги освои. Кога виде Езекија, дека Сенахирим дошол со цел да војува против Ерусалим, реши со кнезовите и со своите силни луѓе да ги затвори сите извори на вода надвор од градот; и тие му помогнаа. Се собра многу народ и ги затрупаа сите извори и потокот, кој течеше низ земјата, велејќи: кога ќе дојде асирскиот цар, да не најдат многу вода и да не се утврдува. И се утврди Езекија, ги поправи сите срушени ѕидови и ги издигна до кулата, а надвор изгради друг ѕид, го утврди Мило во Давидовиот град и поготви многу оружје и штитови. Постави воени началници над народот и ги собра при себе на плоштадот кај градските порти, па им говореше од срце, велејќи: »Бидете тврди и храбри, не бојте се и не плашете се од асирскиот цар и од сето множество, кое е со него, зашто со нас има повеќе, отколку со него; со него е телесна мишка а со нас е Господ, Бог наш, за да ни помага и да се бори во битките наши.« И народот се охрабри од зборовите на Езекија, царот Јудејски. Потоа асирскиот цар Сенахирим испрати свои слуги во Ерусалим, – кога тој лично беше во Лахис, и сета негова сила со него, – до јудејскиот цар Езекија и до сите Јудејци во Ерусалим, да кажат: »Вака вели Сенахирим, царот асирски: ‚на што се надевате и седите во Ерусалим опседнати?‘ Зар Езекија не ве мами, за да ве предаде на смрт од глад и жед, кога ви вели: ‚Господ, Бог наш, ќе нѐ спаси од раката на асирскиот цар‘? Зар тој Езеија ги премавна светилиштата Негови и жртвениците Негови и им рече на Јудејците и на Ерусалим: пред еден жртвеник поклонувајте се и врз него кадете! Зар не знаете, што направив јас и татковците мои со сите земни народи? Можеа ли боговите на земните народи да ја спасат земјата своја од раката моја? Кој од сите богови на народите, што моите татковци ги истребија, можеше да го спаси својот народ од раката моја? Ќе може ли и вашиот Бог да ве спаси вас од раката моја? А сега, нека не ве мами Езекија и да не ве заведува така; не верувајте му; ако ни еден бог ниту на еден народ и царство не беше во состојба да го спаси народот свој од раката моја и од раката на татковците мои, тогаш и вашиот Бог нема да ве спаси вас од раката моја.« И уште многу говореа слугите негови против Господа Бога и против Езекија, Неговиот слуга. Тој напиша и писма, во кои Го хулеше Господа, Бога Израилев, и говореше против Него ваквки зборови: »Како што боговите на земните народи не ги спасија своите народи од раката моја, така и Езекиевиот Бог нема да го спаси Својот народ од раката моја.« И викаа со силен глас на јудејски јазик кон народот во Ерусалим, кој беше по ѕидовите, за да го заплашат и исплашат, та да го преземат градот. И говореа за Бога на Ерусалим, како за боговите на земните народи, – дело на човечки раце. Тогаш царот Езекија и пророкот Исаија, синот Амосов, се помолија и кренаа глас кон небото. И Господ испрати Ангел, кој ги погуби сите јунаци, главниот начланик и началаниците на војската на асирскиот цар, и тој се врати посрамен во земјата своја. И кога дојде во домот на својот бог, таму го убија со меч излезените од бедрата негови. Така го спаси Господ Езекија и ерусалимските жители од раката на асирскиот цар Сенахирим и од рацете на сите, и ги пазеше насекаде. Тогаш мнозина почнаа да му донесеуваат дарови на Господа во Ерусалим и скапи работи на јудејскиот цар Езекија. И тој се издигна потоа во очите на сите народи. Во тие дни се разболе Езекија на смрт. И Му се помоли на Господа, и Он послуша и му даде знак. Но Езекија не Му благодари за направените му добрини, зашто срцето негово се возгордеа. Затоа гневот Божји падна врз него, врз Јудеја и Ерусалим. Но штом Езекија се смири и гордоста во срцето негово, – тој и ерусалимските жители, – гневот Господов не падна врз нив во Езекиевите денови. Езекија имаше многу големо богатство и слава; си направи ризници за сребро и злато и за скапоцени камења, како и за благопријатни мириси, штитови и секакви скапи садови; и одделни простории за земни производи: жито, вино и елеј, и трла за секаков добиток и огради за стада. Си изгради и градови. А стада од ситен и крупен добиток имаше многу, зашто Бог му беше дал многу голем имот. Тој, пак, Езекија, го затвори горниот проток на Гионските води и го насочи удолу, западно од Давидовиот град. И во секоја своја работа Езекија беше успешен. Само при пратениците на вавилонските цареви, што беа испратиле до него да прашаат за едно чудо, што се случило на земјата, Господ го остави, за да го испита и да открие си, што му беше во срцето. Другите дела на Езекија и неговите милости се опишани во видението на пророкот Исаија, син Амосов, и во книгата за царевите јудејски и израилски. Почина Езекија при татковците свои, и го погребаа погоре од гробиштата на Давидовите синови, а по неговата смрт сите Јудејци и жители ерусалимски му укажаа почест. И место него цар стана синот негов Манасија. Манасија беше на дванаесет години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим педесет и пет години. Тој го вршеше она што не беше угодно пред очите Господови, подражувајќи ги гадотиите на народите, кои Господ ги беше прогонил од лицето на синовите Израилеви. Изгради пак идолски светилишта, што ги беше урнал таткото негов Езекија, им издигна жртвеници на Вааловци, подигна млади шуми и се клањаше на целото небеско воинство и му служеше; изгради жртвеници и во Господовиот дом, за кој Господ беше рекол: »во Ерусалим ќе пребива името Мое вечно.« изгради и жртвеници на целото небеско воинство во двата трема на Господовиот дом. Тој ги преведуваше преку оган синовите свои во долината на Еномовиот син, гаташе, вражаше и маѓепсуваше; и повика извикувачи на мртви и волшебници: тој вршеше многу лоши работи пред очите на Господа, за да Го разгневи. Направи уште и извајан идол и го постави во Господовиот дом, за кој што Бог му беше рекол на Давида и на синот негов Соломона: »во тој дом и во Ерусалим, што го избрав меѓу сите колена Израилеви, ќе го положам името Свое засекогаш; и нема да оставам во иднина да излезе ногата Израилева од таа земја, што ја утврдив за татковците нивни, само ако тие се потрудат да го вршат сѐ она, што сум им го заповедал во целиот закон и наредбите и заповедите, дадени преку раката Мојсеева.« Но Манасија ја доведе Јудеја и ерусалимските жители до таму, што постапуваа полошо и од оние народи, што Господ ги истреби од пред лицето на Израилевите синови. Господ му говореше на Манасија и на луѓето негови, но тие не послушаа. Затоа Господ ги испрати против нив военоначалниците на асирскиот цар, кои го оковаа Манасија во окови, го врзаа со вериги и го одведоа во Вавилон. И во таа тешка неволја тој почна да Го моли Господа, својот Бог, и длабоко се смири пред Бога на татковците свои. Му се помоли Нему, и Бог се приклони кон него, ја чу молбата негова и го врати во Ерусалим во царството негово. И разбра Манасија дека Господ е Бог. Потоа тој изгради надворешен ѕид на Давидовиот град, западно од Геон, по долот и до влезот на Рибните порти, и околу Офел и го издигна високо. Потоа постави војводи по сите утврдени градови во Јудеја, ги премавна туѓите богови, идолот од Господовиот дом и сите идолски светилишта, што ги беше изградил во гората на Господовиот дом и во Ерусалим, ги исфрли надвор од градот. Го обнови жртвеникот Господов и принесе на него жртви, мирни и благодарствени, и им порача на Јудејците да Му служат на Господа, Бога Израилев. Но народот уште принесуваше жртви по идолските светилишта, но и на Господа, Својот Бог. Другите дела Манасиеви, молитвата негова кон својот Бог и зборовите на јасновидците, кои му говореа од името на Господа, Бога Израилев, се наоѓаат во книгата за царевите Израилеви. И молитвата негова, и тоа, што Господ се приклони кон него, и сите негови гревови и беззаконија, и местата, по кои беше издигнал жртвеници и поставил ликови на Астарта и идоли, пред да се смири, – опишани се во записите пророчки. И почина Манасија при татковците свои, и го погребаа во домот негов. А место него стана цар синот негов Амон. Амон беше на дваесет и две години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим две години. И тој го вршеше она што не беше угодно пред очите Господови така, како што го вршеше тоа татко му Манасија: на сите идоли, што ги беше направил татко му Манасија, Амон им принесуваше жртва и им служеше. И не се смири прд Господа, како што се понизи таткото негов Манасија; напротив, Амон ги умножи гревовите свои. Слугите негови се побунија против него и го убија во домот негов. Но народот во земјата ги изби сите оние, што беа во бунтот против царот Амона, и место него народот на таа земја го избра за цар синот негов Јосија. Јосија имаше осум години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим триесет и една година. Тој го вршеше она што беше угодно пред очите Господови, одеше по патиштата на таткото свој Давида и не скршнуваше ни лево ни десно. На осмата година од царувањето свое, бидејќи уште беше момче, почна да прибегнува кон Бога на таткото свој Давида, а на дваесеттата година почна да ја чисти Јудеја и Ерусалим од идолските светилишта, од посветените дрвја и од извајаните и излеаните идоли. Зашто пред лицето негово ги разрушија жртвениците на Вааловци и идолите, што се издигаа над нив; ги исече посветените дрвја, а извајаните и излеаните идоли ги скрши и разби во прав, растурајќи ги по гробовите на оние, што им беа принесувале жртви; коските на жреците ги изгори врз нивните жртвеници, ја исчисти Јудеја и Ерусалим. Во градовите на Манасија, Ефрема и Симеона, дури до коленото Нефталимово, и во нивните опустошени околини, тој ги собори жртвениците и посветените дрвја, ги разби во прав ликовите и ги скрши сите идоли по целата Израилска земја, и се врати во Ерусалим. На осумнаесеттата година од царувањето свое, откако беше исчистена земјата и Божјиот дом, тој го испрати Сафана, синот Азалиев, Масија, градоначалникот, и Јоаха, син Јоахазов, летописец, за да го обноват домот на Господа, нивниот Бог. Тие отидоа кај свештеникот Хелкија и го предадоа принесеното во Божјиот дом, што го беа собрале левитите, стражари при прагот, од рацете на Манасија, Ефрема, од сите други Израилци, од синовите на Јуда и на Венијамина и од жителите ерусалимски. Го дадоа тоа во рацете на распоредниците, одредени при домот Господов, да го раздаваат на работниците, што ќе работат во Господовиот дом на поправката и обновувањето на домот. И тие им раздаваа на дрводелците и ѕидарите, за да купуваат делкани камења и дрвја за врски и за покривање, на зградите, кои јудејските цареви ги беа разрушиле. Тие луѓе чесно ја вршеа својата работа, а за надзорници над нив беа поставени Јат и Овадија, левити од Мерариевите синови, и Захарија и Месулам од Катовите синови, и сите левити, што умееја да свират не музички направи. Тие беа одредени над носачите и ги надгледуваа сите работници при секоја работа: а другите левити беа и писари, и распоредници, и вратари. Кога го вадеа среброто, што беше принесено во Господовиот дом, свештеникот Хелкија ја најде книгата на законот Господов, даден преку Мојсеевата рака. Проговори Хелкија, па му рече на писарот Сафана: »Ја најдов книгата на Законот во домот Господов.« Хелкија му ја даде книгата на Сафана. А Сафан ја однесе книгата при царот и притоа му ја донесе на царот оваа вест: »Твоите слуги вршат сѐ што им е таму наредено.« Го истурија среброто, што се наоѓаше во домот Господов, и го предадоа во рацете на одредените и во рацете на распоредниците. Писарот Сафан му јави уште на царот и рече: »Оваа книга ми ја даде свештеникот Хелкија.« И Сафан ја прочита пред царот. Кога ги чу царот зборовите на Законот, ја раскина својата облека. И му заповеда царот на Хелкија и на Ахикама, син Сафанов, на Авдона, син Мехеев, и на писарот Сафана и на царскиот слуга Асаија, велејќи: »Одете и прашајте Го Господа за мене, за другите во Израилот и за Јуда за зборовите на таа најдена книга, зашто голем е гневот Господов, кој пламна врз нас, затоа што татковицте наши не ги запазија Господовите зборови, за да постапуваат во си што е напишано во таа книга.« Тогаш Хелкија и оние, што беа од царот, отидоа кај пророчицата Олдама, жена на Салума, син на Текуја, син на Асра ризничарот, – а таа живееше во вториот дел на Ерусалим, – и говореа со неа за тоа. Таа им рече: »Вака вели Господ, Бог Израилев: кажете му на оној човек, што ве испратил кај мене. Вака вели Господ: ‚ете, ќе испратам зло врз ова место и врз жителите негови – сите проклетства, напишани во книгата, што ја читав пред лицето на јудејскиот цар, поради тоа што Ме оставија и кадеа на други богови, за да Ме разгневат со сите дела на рацете свои. Затоа гневот Мој ќе се разгори над ова место и нема да згасне.‘ А на царот јудејски, кој ве испрати да Го прашате Бога, кажете му: ‚вака вели Господ, Бог Израилев, за зборовите, што си ги чул: бидејќи срцето ти омекна, и ти се смири пред Господа, откако чу, што вели Он за ова место и за жителите негови, што се смири пред Мене и ја раскина облеката своја и плачеше пред Мене, за тоа и Јас те чув, вели Господ. Ете, Јас ќе те приберам кај татковците твои, и ќе бидеш положен со мир во гробницата своја, и очите твои нема да го видат сето она зло, што ќе го испратам врз ова место и против жителите негови.‘« И му го однесоа одговорот на царот. Тогаш царот испрати, та ги собра сите старешини од Јудеја и Ерусалим, па отиде царот во домот Господов, и со него сите Јудејци и жителите ерусалимски, и свештениците, и левитите, и сиот народ, од голем до мал; и им ги прочита тој гласно сите зборови од книгата на заветот, најдена во домот Господов. Потоа царот се исправи на местото свое и склучи завет пред лицето на Господа – да Го следат Господа и да ги запазат од сѐ срце и со сета душа заповедите Негови, откровенијата негови и законите Негови, та да ги извршат зборовите на заветот, напишани во таа книга. И царот им заповеда на сите, што беа во Ерусалим и во земјата Венијаминова, да го потврдат тоа; и почнаа жителите ерусалимски да постапуваат според заветот на Бога, Бога на татковците свои. И ги премавна Јосија сите гадотии од сите земји на Израилевите синови, и им заповеда на сите во земјата Израилева да Му служат на Господа, својот Бог. И во сите денови на животот негов тие не отстапуваа од Господа Бога на татковците нивни. Јосија отпразнува Пасха на Господа во Ерусалим, и го заклаа пасхалното јагне на четиринаесеттиот ден од првиот месец. И ги насели свештениците по местата нивни и ги поттикнуваше да му служат на домот Господов; и им рече на левитите, посветени на Господа и наставници на сите Израилци: поставете го светиот ковчег во храмот, што го изгради Соломон, синот Давидов, цар Израилев; нема потреба да го носите на раменици; служете Му сега на Господа, нашиот Бог и на народот Негов Израилот; застанете според родовите на татковците свои и според родовите свои, како што е заповедано од Давида, царот Израилев, и како што е заповедано од синот негов Соломона, стојте во светилиштето, според она како што се распоредени родовите на вашите браќа, синовите народни, според она како што се разделени левитските родови и редови; заколете го пасхалното јагне, осветете се и подгответе го за браќата свои, постапувајќи согласно со Господовото слово преку Мојсеја. И им подари Јосија на синовите народни, на сите, што беа таму, од ситниот добиток јагниња и јариња, сѐ за пасхалната жртва, на број триесет илјади, и три илјади вола. Тоа беше од царскиот имот. И кнезовите негови сесрдно даваа принос за народот, на свештениците и на левитите: Хелкија, Захарија и Јехиил, старешини во Божјиот дом, им дадоа на свештениците за жртва пасхална две илјади и шестотини јагниња и јариња и триста вола; Хоннија, Семаија и Натанаил, негови браќа, Асавија, Јеиел и Јозавад, левитски старешини, им подарија на левитите за пасхална жртва пет илјади овци и петстотини волови. Така се подготви службата, и по царева заповед свештениците застанаа на своите места и левитите според смените свои; го заклаа пасхалното јагне, и свештениците росеа со крвта, што ја земаа од рацете на левитите, а левититеи ги дереа кожите; и го распределија определеното за сепаленици, за да го дадат по редовите на татковските родови на синвоите народни, за принос на Господа, како што е напишано во Мојсеевата книга. Истото тоа го направија и со воловите. И го испекоа на оган пасхалното јагне, според законот; а свештените жртви ги сварија во котли, грниња и тави, па го раздадоа брзо по сиот народ; потоа приготвија за себе и за свештениците, зашто свештениците, синови Аронови, беа зафатени со принесувањето сепаленици и дебели меса до ноќта; затоа левитите готвеа и за себе и за свештениците, синовите Аронови. А певците, синови Асафови, остануваа по местата свои, според наредбите на Давида и Асафа, Емана и Идитуна, царевиот јасновидец, а вратарите при секоја врата: немаше зошто да ја напуштаа службата своја, бидејќи браќата нивни левитите готвеа за нив. Така беше распоредена целата служба во тој ден, за да направат Пасха и да принесат сепаленици на Господовиот жртвеник, по заповед на царот Јосија. Така ја празнуваа Израилевите синови, што беа таму Пасхата во тоа време и празникот Бесквасници во текот на седум дена. Таква Пасха не беше прославувана во Израилот од деновите на пророкот Самуила; од сите Израилеви цареви ниеден не беше приготвил таква Пасха, каква што направи Јосија, свештениците, левитите и сите Јудејци, и Израилци, кои беа таму, и жителите ерусалимски. Таа Пасха беше отпразнувана во осумнаесеттата година од царувањето на Јосија. По сето тоа, што го направи Јосија во Божјиот дом, тој ги изгори во оган и лакомците, и маѓепсниците, и идолските светилишта, и идолите, и дубравите, што ги имаше во Ерусалим и во Јудеја, за да ги утврди зборовите на Законот, напишани во книгата, која свештеникот Хелкија ја најде во домот Господ; и немаше сличен на него пред него, што се обрнал кон Господа од сѐ срце, со сета душа и со сета сила, согласно со целиот закон Мојсеев, не се издигна и по него подобен на него. Но Господ, пак, не се одврати од големата јарост на гневот Свој, – јарост, со каква што Господ се беше разгневил на Јудеја за сите наскрбувања, со кои Го разгневи Манасија. И беше рекол Господ: »Ќе го отфрлам и Јуда од лицето Свое, како што го отфрлив домот Израилев, ќе го отфрлам домот Израилев, ќе го отфрлам и градот Ерусалим, што го одбрав, и храмот, за кој реков: таму ќе престојува името Мое.« И излезе Нехао, египетскиот цар, во војна против асирскиот цар на реката Ефрат кај Хархамис. Јосија му излезе во пресрет. Нехао испрати кај него пратеници да кажат: »Што има меѓу мене и тебе, царе јудејски? Против тебе сега не сум тргал, туку за таму, каде што имам војна. Бог ми заповеда да брзам; немој да Му се противиш на Бога, Кој е со мене, за да не те погуби.« Но Јосија не отстапи пред него, туку се приготви да се бие со него; и не ги послуша зборовите на Нехао, што беа од Бога, туку излезе во бој во долината Магедо. И стрелците го устрелија царот Јосија, и царот им рече на слугите свои: »Одведете ме, зашто сум тешко ранет.« Слугите негови го симнаа од колата, го качија во друга негова кола и го одведоа во Ерусалим. И тој умре; и беше погребан во гробницата на татковците свои. Целата Јудеја и Ерусалим го оплакаа Јосија. Јосија беше оплакан и од Еремија во плачевна песна; него го споменуваа сите певци и пеачки во плачевните песни свои, познати и до денес, кои ги предадоа во обичај во Израилот; ете, тие се напишани во книгата на плачевните песни. Другите дела на Јосија и добрините негови, согласни со заповеданото во законот Господов, и неговите дела, први и последни, се опишани во книгата за царевите израилски и јудејски. Народот на таа земја го зеде Јоахаза, синот Јосиев, го помаза и го постави за цар на местото од таткото негов во Ерусалим. Јоахаз имаше дваесет и три години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим три месеца. Мајка му се викаше Амитал, ќерка Еремиева, од Ловна. Тоја направи лукаво дело пред Господа по сето она, што го вршеа татковците негови. И го окова фараонот Нехао во Девлат, во Ематската земја, за да не царува во Ерусалим. Египетскиот цар го собори од престолот во Ерусалим, го одведе во Египет и ѝ наложи на земјата глоба од сто таланти сребро и еден талант злато Египетскиот цар го постави братот негов Елијаким за цар на Јудеја и над Ерусалим, и му го смени името во Јоаким, а братот негов Јоахаз Нехао го зеде и го одведе во Египет, каде што и умре. Тој му давеше на Фараонот и сребро и злато. Тогаш земјата почна да дава сребро по заповед на Фараонот, и секој, според власта своја, бараше сребро и злато од народот на земјата како данок на фараонот Нехао. Јоаким имаше дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим единаесет години. Мајка му се викаше Зехора, ќерка Нириева, од Рама. Тој го вршеше она што не беше угодно пред очите на Господа, својот Бог, во сѐ она, што го вршеа татковците негови. Во неговите дни Навуходоносор, царот вавилонски, нападна на земјата; тој му служеше три години, и се одметна од него. И ги испрати Господ против нив Халдејците, и разбојници сирски, и разбојници моавитски, и синовите Амонови и самариски, и тие отстапија според оној збор – според зборот на Господа преку устата на слугите Негови – пророците. Но гневот на Господа падна врз Јуда, за да го отфрли од лицето Свое, поради многуте гревови, што ги беше направил Манасија, и поради невината крв, штоа ја пролеа Јоаким, та го исполни Ерусалим со невина крв. Господ не посака да го искорени. Против него излезе Навуходоносор, царот вавилонски, и го окова во окови, за да го одведе во Вавилон. Дел од садовите на Господовиот дом пренесе Навуходоносор во Вавилон и ги постави во своето идолско светилиште во Вавилон. Другите дела на Јоакима и гадотиите, што ги изврши и какви што се најдоа кај него, се опишани во книгата за царевите израилски и јудејски. И почина Јоаким при татковците свои и беше погребан во Ганозан при татковците свои. Место него стана цар синот негов Јехонија. Јехонија имаше осумнаесет години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим три месеца и десет дена. Тој го вршеше, она што беше лошо пред очите Господови. Откако измина годината, царот Навуходоносор испрати и заповеда да го доведат во Вавилон заедно со скапоцените садови на Господовиот дом, го постави за цар на Јудеја и Ерусалим братот негов Седекија. Седекија имаше дваесет и една година кога стана цар, и царуваше во Ерусалим единаесет години; и тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, својот Бог. Тој не се смири ни пред пророкот Јеремија, кој пророкуваше од Господовата уста. и се одметна од царот Навуходоносор, кој беше зел клетва од него во името Божјо, – и се покажа тврдоглав и го ожесточи срцето свое до таму, што не се обрна кон Господа, Бога Израилев. Па и сите началници над свештениците и над народот грешеа многу, подражавајќи ги сите гадотии на незнабошците, и ги осквернуваа домот на Господа, што Он го беше осветил во Ерусалим. Господ, Бог на нивните татковци, им испраќаше Свои гласници уште во рано утро, зашто Му беше жал за Својот народ и Своето живеалиште. Но тие се подбиваа со испратените од Бога и не се грижеа за зборовите Негови, ги понижуваа пророците Негови, дедека гневот на Господа не падна врз народот Негов, та немаше за него спасение. И Он го испрати врз нив халдејскиот цар, и тој ги уби со меч младинците нивни во домот на нивната светиња; не го поштеди ни Седекија – ни девица, ни старец, ни немоќен. Сѐ предаде Бог во раката негова. И сите садови на Божјиот дом, големи и мали, и ризниците на домот Господов, и ризниците на царот и кнезовите негови, – сѐ однесе во Вавилон. Па го изгореа Божјиот дом, ги разурнаа ѕидовите на Ерусалим и сите негови дворци со оган ги изгореа; и сите негови скапоцености ги расипаа. А избавените од меч Навуходоносор ги пресели во Вавилон, и тие му беа робови нему, до зацарувањето на персискиот цар. додека, за да се исполни зборот Господов, кажан преку устата на Јеремија, земјата не ги отпразнува своите саботи. Преку сите денови на запустувањето свое таа саботничеше, додека се наполнија седумдесет години. А во првата година на персискиот цар Кир, за да се исплни зборот Господов, кажан преку устата на Јеремија, Гсопод го подбуди духот на Кир, персискиот цар, и тој заповеда да прогласат по целото негово царство, усно и писмено, и да кажат: »Вака рече Кир, цар перскиски: ‚Господ, Бог небесни, ми ги даде сите земни царства и ми заповеда да Му изградам дом во Ерусалим, во Јудеја. Кој е меѓу вас од сиот Негов народ, Господ, неговиот Бог нека биде со него, и тој нека оди таму.‘« Во првата година на персискиот цар Кир, за да се исполни словото Господово од устата на Јеремија, го возбуди Господ духот на Кира, персискиот цар, и тој заповеда да прогласат по целото царство, усно и писмено: вака вели Кир, царот персиски: »Господ, Бог небесни, ми ги даде сите земни царства и ми заповеда да му изградам дом во Ерусалим што е во Јудеја. Кој меѓу сите вас е од Неговиот народ, – Бог нека биде со него, и нека оди во Ерусалим, кој е во Јудеја, да гради дом на Господа, Бога Израилев, на оној Бог, Кој е во Ерусалим. А сите, што останале во другите места, каде и да живее тој, нека му помогнат жителите од тоа место со сребро, со злато, со друг имот, со добиток и доброволни прилози за Божјиот дом, кој е во Ерусалим.« Тогаш станаа кнезовите на племињата Јудини и Венијаминови, свештениците и левитите, секој, чиј дух го возбуди Господ, да одат да го градат Господовиот дом, кој е во Ерусалим. И сите нивни соседи им помагаа со сребрени садови, со злато, со друг имот и со добиток и со скапи предмети, покрај доброволните прилози за храмот. А царот Кир ги извади садовите на Господовиот дом, што Навуходоносор ги беше одзел од Ерусалим и ги беше поставил во домот на својот бог, – ги изнесе Кир, царот персиски, со раката на Митридат, ризничар, а тој ги предаде под број на Сасавасар, кнез Јудин. И еве го бројот нивни: златни чинии – триесет, сребрени чинии – илјада, ножеви – дваесет и девет. златни чаши – триесет, сребрени чаши, двојни – четирисротини и десет, други садови – илјада; вкупно садови, златни и сребрени, – пет илјади и четиристотини. Сето тоа го зеде со себе си Сасавасар, кога преселниците тргнаа од Вавилон за Ерусалим. Еве ги синовите од земјата преселените пленици, кои вавилонскиот цар Навуходоносор ги беше одвел во Вавилон, а кои се вратија во Ерусалим и Јудеја, секој во својот град, И кои дојдоа со Зоровавела, Исуса, Неемија, Сараија, Реелија, Мардохеја, Виласана, Мисфара, Вагуја, Ретума. Еве го бројот на луѓето од народот Израилев: синови Фаресови – две илјади и сто и седумдесет и двајца; синови Сафатиеви – триста и седумдесет и двајца; синови Аресови – седумстотини и седумдесет и пет; синови Фат-Моавови – од синовите Исусови и Јоавови – две илјади и осумстотини и дванаесет; синови Еламови – илјада и двесте и педесет и четири; синови Затуеви – деветстотини и четириесет и пет; синови Закхаеви – седумстотини и шеесет; синови Вануеви – шестотини и четириесет и двајца; синови Веваеви – шестотини и дваесет и тројца; синови Авгадови – илјада и двесте и дваесет и двајца; синови Адоникамови – шестотини и шеесет и шест; синови Вагуеви – две илјади педесет и шест; синови Адинови – четиристотини и педесет и четири; синови Атирови – од домот Езекиев, – деведесет и осум; синови Васуеви – триста и дваесет и тројца; синови Јоравови – сто и дванаесет; синови Асумови – двесте и дваесет и тројца; синови Гаверови – деведесет и пет; родени во Витлеем – сто И дваесет И тројца; синови Нетофаеви – педесет И шест; жители од Анатот – сто дваесет И осум; родени во Азмот – четириесет и двајца; родени во Киријат-Јарим, Хафир и Вирот – седумстотини четириесет и тројца; родени во Рама и Гаваја – шестотини и дваесет и еден; жители од Махмас – сто и дваесет и двајца; жители од Ветил и Гај – двесте и дваесет и тројца; родени во Нави – педесет и двајце; родени во Магевис – сто и педесет и шест; синови Иламарови – илјада и двесте и педесет и четири; синови Ирамови – триста и дваесет; родени во Лода, Адид И Оно – седумстотини и дваесет и пет; родени во Јерихон – триста четириесет и пет; родени во Сенаеви – три илјади и шестотини и триесет; Свештеници: синови Једуеви од домот Исусов – деветстотини и седумдесет и тројца; синови Емирови – илјада и педесет и двајца; синови Фасурови – илјада и двесте и четириесет и седум; синови Иремови – илјада и седумнаесет; Левити: синови на Исуса и Кадмиила, од синовите Одуеви – седумдесет и четири; певци: од синовите Асафови – сто и дваесет и осум; синови на вратари: синови Селумови, синови Атирови, синови Темиунови, синови Акувови, синови Атитови, синови Соваеви – вкупно сто и триесет и девет. Натиневи: синови Суваеви, синови Суфатови, синови Таваотови, синови Кирасови, синови Сирсавови, синови Фадонови, синови Јаванови, синови Агавови, синови Акувови, синови Агавови, синови Селмиеви, синови Ананови, синови Геделиеви, синови Гарови, синови Раеви, синови Расонови, синови Некодови, синови Раземови, синови на Уза, синови Фасиеви, синови Расинови, синови Асенаеви, синови Мунинови, синови Нефусимови, синови Вакукови, синови Ануфаеви, синови Анурови, синови Васалотови, синови Миданови, синови Арсанови, синови Варкосови, синови Сисарови, синови Темамови, синови Надиеви, синови Атифови, синови на Соломоновите слуги: синови Сотаеви, синови Сефирови, синови Фадурови, синови Јалеви, синови Дерконови, синови Гиделови, синови Сафатиеви, синови Атилеви, синови Фахератови, синови Асевоимови, синови Имееви, вкупно Нетинејци и синови на Соломоновите слуги – триста и деведесет и двајца. А еве ги излезените од Телмелех, Тел-Арис, Херув, Идан, Емир, кои не можеа да го покажат ни поколението свое, ни родот свој – дали се од Израилот; синови Делаиеви, синови Товиеви, синови Некодаеви – шестотини педесет и двајца А од синовите свештенички: синови Оваиеви, синовите Акусови, синовите Верзелаеви, кој се ожени со една од ќерките на Галадецот Верзелаја и почна да се именува со нивно име. Тие го бараа својот родословен запис, и не го најдоа, затоа беа исклучени од свештенството. И Атерсат им рече да не јадат од големата светиња, додека не се издигне свештеник со урим и тумим. Целото општество заедно се состоеше од четириесет и две илјади и триста и шеесет души, освен слугите нивни, кои беа седум илјади и триста и триесет и седум; и при нив – двесте певци и певици; коњи имаа седумстотини и триесет и шест, маски – двесте четириесет и пет, камили имаа четиристотини и триесет и пет, осли – шест илјади и седумстотини и дваесет. Некои од старешините на домовите, откако ќе дојдеа при домот Господов, кој е во Ерусалим, со драго срце даруваа за домот божји, за да се обнови врз основите негови. Колку што им достигаше раката, тие дадоа во сокровишницата за работа шеесет и една илјада драхми злато, и пет илјади мнаси сребро и сто свештенички одежди. Така се населија пак и свештениците и левитите, и народот и певците, и вратарите и Нетинејците, и целиот Израил во градовите свои. Кога настапи седмиот месец, и синовите Израилеви веше беа по градовите, народот се собра како еден човек во Ерусалим. Тогаш стана Исус, синот Јосадеков, и браќата негови, свештеници, и Зоровавел, синот Салатилов, и браќата негови, и му изградија на Бога Израилев жртвеник, за да принесуваат на него сепаленици, како што е пишано во законот на Мојсеја, човекот Божји. Го поставија жртвеникот врз основите негови, бидејќи се плашеа од другоземните народи; и почнаа да принесуваат на него сепаленици на Господа, сепаленици утрени и вечерни. И го празнуваа празникот Сеници, како што беше заповедано, со секојдневните сепалениси во определен број според уставот за секој ден. Потоа редовно принесуваа сепаленици и во новомесечијата, и во сите празници, посветени на Господа, како и доброволни приноси на Господа од секого, кој што сакаше. А од првиот ден на седмиот месец почнаа да му принесуваат сепаленици на Господа. Но на Господовиот храм уште не му беа поставени темелите. И почнаа да даваат пари на каменоделци и дрводелци, и јадење, пиење и масло на Сидонци и Тирци, за да донесат кедрово дрво од Ливан по море во Јафа, со дозвола од Кира, царот персиски. На втората година по доаѓањето во домот Господов во Ерусалим, на вториот месец, Зоровавел, синот Јоседеков, и другите нивни браќа, свештениците и левитите, и сите, што беа дошле од пленство во Ерусалим, ставија почеток и поставија левити од дваесет години и нагоре, што ќе ги надгледуваат работите при домот Господов. И се зафатија Исус, синовите негови и браќата негови, Кадмил и синовите негови, – синови Јудини – како еден човек за да ги надгледуваат работниците при домот Господов, а исто така и синовите Инададови, синовите нивни и браќата нивни – левитите. Кога ѕидарите ги положија основите на храмот Господов, поставија свештеници, со одеждите нивни и со труби, и левити – синови Асафови – со кимвали, за да го слават Господа по уставот на Давида, царот Израилев. И почнаа да пејат по ред »хвалете« и »славете Го Господа, зашто е благ, зашто милоста Негова кон Израила е до века.« И сиот народ воскликнуваше громогласно, славејќи Го Господа поради тоа што беа поставени темелите на Господовиот дом. Меѓутоа, мнозина свештеници и левити и старешините на родовите, старци, кои го беа виделе поранешниот храм, кога се градеше новиот храм пред очите нивни, плачеа гласно, но мнозина и подвикнуваа силно од радост. И народот не можеше да ги разликува радосните извици од плачот на народот, зашто нароот викаше силно и гласот негов се слушаше надалеку. Непријателите Јудини и Венијаминови слушнаа дека вратените од пленство градат храм на Господа, Бога Израилев; и дојдоа тие при Зороавела и при кнезовите на родовите и им рекоа: »Ќе градиме и ние со вас, зашто и ние како вас прибегнуваме кон вашиот Бог, и Нему Му принесуваме жртви од дните на Асардана, асирскиот цар, кој ни пресели овде.« Им одговорија Зороавел, Исус и другите кнезови на родовите израилски: »Не бива да градите заедно со нас дом на нашиот Бог; ние сами ќе градиме дом на Господа, Бога Израилев, како што ни заповеда Кир, царот персиски.« Тогаш народот на онаа земја зеде да им ги ослабува рацете на јудејскиот народ и да му пречи во градењето; и поткупуваа советници против нив, за да ја расипуваат намерата нивна за сите дни на Кира, царот персиски, до царувањето на Дарија, цар персиски. А во царувањето на Артаксеркса – во почетокот на царувањето негово – напишаа обвинение против жителите на Јудеја и на Ерусалим. Исто така во дните на Артаксеркса пишуваа и Бислам и Митридат, и Гавеил и други нивни другари до Артаксеркса, царот персиски. Писмото беше напишано со сириско писмо и на сириски јазик. Реум, старешина на Сампса, писар, напишаа вакво писмо против Ерусалим до царот Артаксеркс: »Тогаш и тогаш, Реум и другите нивни другари, – Динејците, Афарсалутејците, Тарфалејците, Арфацејците, Архиејците, Вавилонците, Сусанахејците, Савејците, Еламитите и други народи, што ги пресели големиот и славниот Асенафар и ги насели во градовите самариски и во другите градови од онаа страна на реката, и други народи. Еве препис од писмото, што му го испратија нему – до царот Артаксеркс, твоите слуги, луѓето, што живеат од онаа страна на реката итн. Да знаеш, царе, дека Јудејците, што излегоа од тебе и дојдоа при нас во Ерусалим, тој бунтован и лош град, прават ѕидови, чии темели веќе ги поправија. Но да знаеш, царе, дека, ако тој град биде изграден и ѕидиштата негови обновени, тие нема да плаќаат ни данок, ни плодови, ни царина, и царската ризница ќе има загуба. А бидејќи јадеме сол од царскиот дворец, и ние можеме да ја гледаме таа загуба за царот, затоа испраќаме известување до царот. Нека се побара во книгата на спомените на татковците твои, – и ќе се најде во таа книга на спомени и ќе се дознае дека овој град е град одметник и пакостен за царевите и областите и дека во него настанувале бунтови во старо време, поради што овој град бил опустошен. Затоа му соопштуваме на царот, дека, ако овој град биде изграден и ѕидиштата негови поправени, потоа нема да имаш владеење од онаа страна на реката.« Царот му испрати одговор на Реума, старешината, Валтам и на Сампфа, писарот, и на другите нивни другари, што живеат во Самарија и во другите градови од онаа страна на реката: Мир… итн. »Писмото, што ми го испративте, ми беше јасно прочитано; и јас заповедав, – и бараа и најдоа, дека овој град уште од старо време се бунтувал против царевите, и во него настанувале одметнувања и буни, и дека во Ерусалим имало силни цареви, кои владееле во целата задречна област и кои земале данок, летнина и царина. И така, дајте заповед, тие луѓе да престанат да работат, и тој град да не се гради, додека не заповедам јас. Бидете внимателни, за да не испуштите нешто од пред очите свои. Зошто да се дозволува да расте злото на штета на царевите?« Штом писмото на царот Артаксеркс беше прочитано пред Реума и Сампфа, писарот, и другарите нивни, тие без одлагање отидоа во Ерусалим при Јудејците и со силно вооружена рака им ги забранија работите. Но пророкот Агеј и пророкот Захарија, син Адов, им пророкуваа на Јудејците во Јудеја и во Ерусалим во името на Бога Израилев. Тогаш станаа Зоровавел, синот Салатилов, и Исус, синот Јосадеков, и почнаа да градат Божји дом во Ерусалим, и со нив Божјите пророци, кои што ги поддржуваа. Во тоа време дојдоа при нив Татнај, кнезот од оваа страна на реката, и Сатар-Вузанај, со другарите свои, и им рекоа вака: »Кој ви дозволи да го градите овој дом и да ги поправате овие ѕидишта?« Тогаш ние им ги кажавме имињата на луѓето, што ја градеа таа зграда. Но окото на нивниот Бог беше врз старешините Јудејски, и тие не им се заканија, додека работата не отиде до Дарија, и додека не дојде решение за таа работа. Еве ја содржината на писмото, што го испрати Татнај, задречен кнез, и Сатар-Вузанај со другарите свои – Афарсахејци, од онаа страна на реката, до царот Дарија. Во соопштението, што го испратија до него, еве што беше напишано: »До царот Дариј – секаков мир! Да знаеш, цару, дека ние бевме во Ерусалимската област при домот на великиот Бог; го градат со големи камења, а во ѕидиштата ставаат дрвја; таа работа врви брзо и успева во рацете нивни. Тогаш ги прашавме нивните старешини и им рековме вака: ‚Кој ви дозволи да го градите овој дом и да ги поправате овие ѕидови?‘ Освен тоа, ги прашавме и за имињата нивни, за да ти јавиме и да ти го напишеме името на главниот меѓу нив. Тие ни одговорија со овие зборови: ‚Ние сме слуги на Бога на небото и земјата и градиме дом, што беше изграден многу години пред тоа, – а великиот цар Израилев го градеше и го доврши. А кога татковците наши го разгневија Бога небесен, Он ги предаде во раката на Навуходоносора, царот вавилонски, Халдеец; тој го разруши овој дом и го пресели народот во Вавилон. Но во првата година на Кира, царот вавилонски, цар Кир дозволи да се изгради овој дом Божји; уште и садовите на Божјиот дом, златни и сребрени, што Навуходоносор ги беше земал од ерусалимскиот храм, па ги беше однел во вавилонскиот храм, – цар Кир ги изнесе од вавилонскиот храм и ги даде со број на Саванасар, управникот на ризницата, и му рече: – земи ги тие садови, и однеси ги во ерусалимскиот храм, и Божјиот дом нека се гради на своето место. Тогаш овој Саванасар дојде и ги постави темелите на Божјиот дом во Ерусалим; оттогаш па досега се гради и уште не е завршен.‘ И така, ако му е угодно на царот, нека се побара во домот на царските скровишта, таму во Вавилон, дали навистина цар Кир дозволил да се гради овој дом Божји во Ерусалим, и нека ја испратат царската волја за тоа.« Тогаш царот Дариј издаде заповед, и бараа во Вавилон и во книжницата, каде што ги ставаа вредностите. И најдоа во Екбатан, во дворецот, кој е во областа Мидија, еден свиок, и во него беше напишано вака: »Да се помни: во првите години на царот Кир, царот Кир издаде заповед за домот Господов во Ерусалим: да се гради дом на она место, каде што принесуваат жртви, и нека му се постават здрави темели; висината негова – шеесет лакти, ширината негова – шеесет лакти; три реда големи камења, еден ред дрвја; а трошоците нека се плаќаат од царскиот дом. Уште и садовите на Божјиот дом, златни и сребрени, што Навуходоносор ги изнесол од ерусалимскиот храм и ги однел во Вавилон, нека се вратат и однесат во ерусалимскиот храм и да бидат наместени во Божјиот дом, секој на свое место. Затоа, Татанај, задречен и Сатај-Вузанај, со другарите свои Афарсакејци од зад реката, – отстранете се оттаму! Не запирајте ја работата на Божјиот дом; јудејскиот кнез и јудејските старешини нека го градат оној Божји дом на местото негово. И од мене се дава заповед, со што треба да им помагате на тие старешини јудејски во градбата на овој дом Божји, односно: од царскиот имот – од данокот на задречната земја, давајќи им на тие луѓе, за да не се запира работата; и колку што треба – телиња ли, овни или јагниња за сепаленици на Бога небесен, исто така и пченица, сол, вино и масло, според она како што ќе кажат свештениците ерусалимски, нека им се дава секој ден без прекин, та да принесуваат благопријатни жртви на Бога небесен, и да се молат за животот на царот и синовите негови. Заповедам уште – кој човек ќе ја измени оваа наредба, да извадат греда од куќата негова, да го издигнат и приковаат на неа, а куќата негова поради тоа да се претвори во урнатини. И Бог, Чие име престојува таму, да го собори секој цар и народ, што ќе протегне рака да го измени ова за штета на тој дом Божји во Ерусалим. Јас, Дариј, ја дадов оваа заповед; да биде точно исполнувана!« Тогаш Татанај, задрениот кнез, Сатар-Вузанај и другарите нивни, постапуваа точно онака, како што заповеда царот Дариј. И Јудејските старешини градеа и успеваа според пророштвото на пророкот Агеј И Захарија, синот на Ада. Изградија и завршија според волјата на Бога Израилев и според волјата на Кира, Дарија и Артаксеркса, цареви персиски. Завршен беше овој дом на третиот ден од месец Адар, во шестата година од царувањето на царот Дарија. И синовите Израилеви, свештениците, левитите и други, што се беа вратиле од пленство, со радост го извршија осветувањето на тој Божји дом. И принесоа на осветувањето на тој Божји дом: сто вола, двесте овни, четиристотини јагниња и дванаесет кози како жртва за грев и за целиот Израил, според бројот на колената Израилеви. И поставија свештеници според чиновите нивни и левити според родовите нивни за Божја служба во Ерусалим, како што беше заповедано во книгата Мојсеева. Потоа вратените од пленство прославија Пасха во четиринаесеттиот ден на првиот месец, зашто свештениците и левитите се беа очистиле, – тие сите до еден беа чисти; и заклаа пасхални јагниња за сите вратени од пленство, за своите браќа свештеници и за себеси. И јадеа синовите Израилеви, што се беа вратиле од преселувањето, и сите, што се беа откажале од нечистотијата на земните народи, за да прибегнат кон Господа, Бога Израилев. А го празнуваа со радост и празникот бесквасници седум дена, зашто Господ ги зарадува и го сврти кон нив срцето на асирскиот цар, за да ги поткрепи рацете нивни при градењето на домот на Господа, Бог Израилев. По тие настани, во царувањето на Артаксеркса, царот персиски, Ездра – синот Сареов, син на Азарија, син на Хелкија, син на Селума, син на Садока, син на Ахитува, син на Самарија, син на Азарија, син на Мареота, син Зараиев, син Езеев, син Вокиев, син Ависуев, син Финесов, син Елеазаров, син на првосвештеникот Арона, – тој Ездра излезе од Вавилон. Тој беше книжник и го знаеше законот Мојсеев, даден од Господа, Бога Израилев. Царот му даде си по желбата негова, зашто раката на Господа, неговиот Бог, беше над него. Со него отидоа во Ерусалим и некои синови Израилеви, и свештеници, и левити, и певци, и вратари, и Нетинејци во седмата година на царот Артаксеркс. Тој дојде во Ерусалим во петтиот месец, во седмата година на царот. Бидејќи во првиот ден од првиот месец беше почнало излегувањето од Вавилон, а во првиот ден од петтиот месец тој дојде во Ерусалим: благодатната рака на неговиот Бог беше над него. Зашто Ездра го беше управил срцето свое да го изучува законот Господов и да го извршува и да го учи Израилот во законите и уредбите. Еве ја содржината на писмото, што цар Артаксеркс му го даде на Ездра, свештеник и книжник, кој го учеше Израилот на заповедите Господови и на законите Негови: Артаксеркс, цар над царевите, до Ездра свештеникот, совршениот учител во законот на небесниот Бог денес. Дадов заповед, во царството мое секој од народот Израилев и од неговите свештеници и левити, што сака да оди во Ерусалим, нека појде со тебе. Бидејќи си испратен од царот и од седумте негови советници, да ги надгледаш Јудеја и Ерусалим во законот на твојот Бог, кој што е во раката твоја, и да го однесеш среброто и златото, кое царот и советниците го жртвуваа на Бога Израилев, Чие живеалиште е во Ерусалим, и сето сребро и злато, што ќе го собереш по целата област Вавилонска, заедно со доброволните приноси од народот и свештениците, што ќе жртвуваат за домот на својот Бог, Кој е во Ерусалим, – тоа веднаш купи за тие пари волови, овни, јагниња и лебни приноси кон нив, и преливи за нив, и принеси ги на жртвеникот во домот на вашиот Бог во Ерусалим. А она што ти и браќата твои ќе најдете дека е добро да направите од останатото сребро и злато, според волјата на вашиот Бог направете. Садовите, пак, што ти беа дадени за служби во домот на твојот Бог, постави ги пред Бога Ерусалимски. И си друго, што е потребно за домот на твојот Бог, она за што го сметаш дека е неопходно, давај од домот на царските сокровишта. А јас, царот Артаксеркс, давам заповед до сите ризничари, што се од онаа страна на реката – си, што ќе посака од вас Ездра, свештеник и учител по законот на Бога небесен, без двоумење давајте: сребро до сто таланти, пченица до сто кора, вино до сто бата и пак до сто бата масло, а сол – без да се определува количеството. Си, што е заповедаво од Бога небесен, треба да се врши грижливо за Неговиот дом, и гледајте, некој да не протегне рака врз домот на Бога небесен, за да не падне гневот Негов врз царството, царот И синовите негови. Го кажавме да знаете, дека на никого од свештениците и левитите, певците, вратарите, Нетинејците и оние што служат при тој дом Божји нема да им се наложува данок, ни десеток, ни царина. А ти, Ездра, според мудроста на твојот Бог, која е во раката твоја, судат сиот народ од онаа страна на реката, – сите што ги знаат законите на твојот Бог, а кои не знаат, учете ги. И кој не го исполнува законот на твојот Бог и законот царски, тој без одлагање да се осуди, било на смрт, било на заточение, било на парична глоба, или на затвор во темница. Нека е благословен Господ, Бог на татковците наши, Кој вложи во срцето на царот да го украси домот Господов, што е во Ерусалим, И Кој ја управи кон мене милоста на царот, на советниците негови и на сите силни кнезови царски! И јас са охрабрив, бидејќи раката на Господа, мојот Бог, беше над мене, и ги собрав кнезовите Израилеви, за да одат со мене. Еве ги старешините на домовите и родословите на оние, кои со мене излегоа од Вавилон, во царувањето на царот Артаксеркс: од Финесовите синови – Гирсон; од Итамаровите синови – Даниил; од Давидовите синови – Атус; од Саханиевите синови, од Форосовите синови – Захарија и со него по список сто и педесет мажи; од Фат-Моавите синови – Елијан, син Зераев, и со него двесте души од машки пол; од синовите на Затојас – Сехенија, син Азиилев, и со него триста мажи; од Адиновите синови – Овин, син Јонатанов, и со него педесет души од машки пол; од Еламовите синови – Исаија, син Аталиин, и со него седумдесет мажи; од Сафатиевите синови – Завдија, син Михаилов, и со него осумдесет души од машки пол; од Јоавовите синови – Авдија, син Јеилев, и со него двесте и осумдесет мажи; од синовите на Ваанија – Селимут, син Јосефиев, и со него сто и шеесет души од машки пол; од Вавиевите синови – Захарија, син Вавиев, и со него дваесет И осум мажи; од Азгадовите синови – Јоанан, син Икатанов, и со него сто и десет души од машки пол; од синовите Адоникамови излегоа последни од нив; еве ги имињата нивни: Едифалат, Јеил, и Самаја, и со нив шеесет мажи; од Вагуевите синови – Утај и Завуд, и со нив седумдесет души од машки пол. Ги собрав кај реката, која што се влива во Ава, и таму престојувавме три дена, и, кога го прегледав народот и свештениците, не најдов таму од Левиевите синови. Тогаш испратив да го повикаат Елеазера, Ариила, Семеја, Елнатана, Јарива, Натана, Захарија и Месолама – старешините, и Јоарима и Елнатана – учените; и им дадов порака за Идо, началникот во месноста Касфија, и ги поучив како да му зборуваат на Идоа и на браќата негови, Нетинејците во месноста Касфија, за да ни доведат певци за домот на нашиот Бог. И тие ни доведоа – бидејќи благодатната рака на нашиот Бог беше над нас – еден умен човек од синовите на Махлија, син Левиев, син Израилев, односно Серевија со синовите негови и браќата негови – осумнаесет души; и Асевија и со него Исаија од синовите Мерариеви, неговите браќа и нивните синови – дваесет; И од Нетинејците, што ги беше дал Давид И кнезовите негови за послуга на левитите, двесте И дваесет Нетинејци; сите тие беа запишани поименично. Тогаш објавив таму пост при реката Ава, за да се смириме пред лицето на нашиот Бог И да измолиме од него успешен пат за себеси, за децата свои И за целиот наш имот, бидејќи ми беше срам да барам од царот војска И коњаници да ни чуваат од непријател по патот, зашто ние, кога зборувавме со царот, рековме: »раката на нашиот Бог е благодатна за сите, а над сите, што Го оставаат, стои силата Негова И гневот Негов!« И така ние постевме и го молевме нашиот Бог за тоа, и Он ни услиши. Тогаш одвоив дванаесет души од началниците над свештениците: Сариаја и Асавија, и со нив десетина од браќата нивни; и им го предадов со мера среброто и златото и садовите, – си што беше жртвувано за домот на нашиот Бог, она што го жртвуваа царот, советниците негови, кнезовите негови и Израилци, што беа таму. И им предадов во рацете нивни со мерка: сребро – шестотини и педесет таланти, и сребрени садови – за сто таланти, злато – сто таланти, златни чаши – дваесет, за илјада драхми, и два сада од најдобар, блескав бакар, ценет како злато. И им реков: »Вие сте светиња на Господа, и садовите се светиња, и среброто и златото – доброволен прилог на Господа, Бог на татковците ваши. Бидете будни и запазете го тоа, додека го предадете со мерка на началниците над свештениците, левитите и старешините Израилеви во Ерусалим, во ризницата при домот Господов.« Свештениците и левитите го примија измереното сребро, злато и садови, за да ги однесат во Ерусалим, во домот на нашиот Бог. Тогаш тргнавме од реката Ава на дванаесеттиот ден од првиот месец, за да одиме во Ерусалим; и раката на нашиот Бог беше над нас и ни чуваше од непријателска рака и од оние, што ни зачекуваа на патот. И стигнавме во Ерусалим, каде што престојувавме три дни. На четвртиот ден го предадовме со мера среброто, златото и садовите ве домот на нашиот Бог во рацете на свештеникот Маримота, син Уриев, и со него на Елеазара, син Финесов, и со нив на Јозавада, син Исусов, и на Ноадија, син Ванаев – левити, си под број и со мера. И сето измерено беше истовремено запишано. Дојдените преселеници од пленство Му принесоа сепаленици на Бога Израилев дванаесет телиња за сиот Израил, деведесет и шест овни, седумдесет И седум јагниња и дванаесет козли како жртва за грев: сето тоа за сепаленици на Господа. И ги предадоа царските заповеди на царските сатрапи и на задречните кнезови, и тие го почитуваа народот и домот Божји. Откако се сврши тоа, началниците се приближија до мене и рекоа: »Народот Израилев и свештениците и левитите не се одвоија од другоплеменитите народи поради нивните гнасотии, од Хананејците, Хетејците, Ферезејците, Јевусејците, Амонитите, Моавците, Египтјаните И Аморејците, зашто зедоа нивни ќерки за себе и за синовите свои, светото семе се смеша со друго племени народи, а при тоа раката на кнезовите и војводите беше прва во тоа беззакние.« Откако ги чув тие зборови, ја раскинав долната и горната своја облека, ги кубев косите на главата своја и на брадата своја и седев нажален. Тогаш се собраа кај мене сите, што се уплашија од зборовите на Бога Израилев поради престапите на преселниците, и јас седев тажен до вечерната жртва. А во време на вечерната жртва станав од местото на моето тагување и со раскината долна и горна облека паднав на колена и ги кренав рацете кон Господа, мојот Бог, и реков: »Боже мој, срам ми е и страв ми е да го покажам моето лице кон Тебе, Боже мој, зашто беззаконијата ни се натрупаа до над главата, и вината ни нарасна до небесата. Од дните на татковците наши до денес ние сме во голема вина, и поради нашите беззаконија бевме предадени ние, царевите наши, свештениците наши, – во рацете на другоземни цареви, на меч, во пленство, на грабеж и навреди, како што е и сега. И ете, по малку време, ни се дарува милост од Господа, нашиот Бог, кој остави кај нас спасение и ни даде да се утврдиме во местото на светињата Негова; ни ги просвети очите нашиот Бог и ни даде да здивнеме малку од ропството свое. Ние сме робови, но и во ропството нашиот Бог не ни остави. Он ја приведе кон нас милоста на персиските цареви, за да се соживееме, да го подигнеме домот на нашиот Бог, да го обновиме од урнатините негови а ни дадоа ограда во Јудеа и во Ерусалим. А сега, што да кажеме, Боже наш, потоа? Зашѕо ние отстапивме од Твоите заповеди, што ни ги даде преку Твоите слуги, пророците, велејќи: ‚земјата, во која одите, за да ја завладеете, е земја нечиста; таа е извалкана од нечистотиите на друго племени народи, со нивните гнасоотии, со кои ја наполнија од крај до крај со своите нечистотии. Затоа не ги давајте ќерките свои за синовите нивни, и ќерките нивни не ги земајте за синовите свои, и не барајте го мирот нивни, ниту благата нивни до века, за да се утврдите и храните со благата на таа земја и да ја предадете во наследство на синовите свои до века.‘ И по си она што ни снајде поради лошите дела наши и поради големата вина наша и, – зашто Ти, Боже наш, ни поштеди не според беззаконието наше, туку ни даде такво избавување, – зарем пак ќе ги нарушуваме Твоите заповеди и ќе влегуваме во родство со тие одвратни народи? Нема ли да се разгневиш на нас дури до погубување, така што да нема живи и да нема спасени? Господи, Боже Израилев! Ти си праведен, зашто ние бевме нажалени до денес; и еве, ние сме во беззаконијата свои пред Твоето лице, макар што по тоа не би требало да стоиме пред Твоето лице.« Додека Ездра така се молеше И исповедаше, плачејќи и лежејќи пред Божјиот дом, се собра кај него многуброен народ од Израилот, мажи, жени и деца, зашто и народот плачеше многу. Тогаш се јави Сехенија, синот Јеилев од синовите Еламови, и му рече на Ездра: »Згрешивме пред нашиот Бог, зашто земавме жени од народите на таа земја, но уште има надеж за Израилот во таа работа; да се заветува сега пред нашиот Бог, дека ќе ги отпуштиме сите другоплемени жени и родените од нив деца, – и нека биде по законот на нашиот Бог, и според законот нека биде. Стани, зашто ова е твоја работа, и ние сме со тебе: биди храбар и работи!« Тогаш стана Ездра и им порача на старешините над свештениците, левитите и над сиот Израил да положат клетва, дека ќе направат така. И тие се заколнаа. Стана Ездра и тргна од Божјиот дом кон зградата на ризницата при Јоханана, Јелисувавиот син, и стигна таму. Леб не јадеше и вода не пиеше, зашто плачеше поради претстапите на преселниците. И им соопштија по Јудеа и во Ерусалим на сите, што беа во пленство, да се соберат во Ерусалим, а на оној што не ќе дојде за три дни, ќе му се одземе имотот, по решение на кнезовите и старешините, целиот имот негов, а самиот тој ќе биде отсранет од општеството на преселниците. И во тие три дни се собраа во Ерусалим сите жители на Јудеа и на земјата Венјаминова. Тоа беше во деветтиот месец на дваесеттиот ден од месецот. Седеше сиот народ на плоштадот пред Божјиот дом и трепереше, како поради таа работа, така и од дождот. Тогаш свештеникот Ездра стана и им рече: »Вие направивте престап, земајќи жени од други племиња и со тоа ја зголемивте вината на Израилот; затоа, покај те се пред Господа Бога на вашите татковци, и исполнете ја волјата Негова, одвојте се од народите на таа земја им од жените од други племиња.« Целото собрание одговори и рече со силен глас: »како што рече, така и ќе направиме. Но народот е многуброен, и времето е сега дождовно, та неможе да се стои на улица. Па и таа работа не е ни за ден, ниту за два, зашто ние згрешивме многу во таа работа. Нека се изберат заменици на кнезовите за целото општество, и сите во нашите градови, што зеле жени од други племиња, да доаѓаат тука во определено време заедно со старешините и судиите на секој град, додека не се одврати од нас пламнатиот гнев на нашиот Бог поради таа работа.« Тогаш се зафатија со таа работа Јонатан, син Асаилов, И Јасија, син Текуев, а Месолам И Саватај, левит, беа нивни помошници. Така направија дојдените од пленство. За тоа беа одредени: свештеникот Ездра, началниците од секое нивно поколение, и старешините на нивните домови сите по име. Тие се собраа на заседание во првиот ден на десеттиот месец, за да ја испитаат таа работа; и го извршија испитувањето за сите, што беа зеле жени од други племиња, кон првиот ден од првиот месец. И се најдоа од свештеничките синови, што беа зеле жени од други племиња, – од синовите на Исуса, синот Јоседеков и бараќата негови: Маасија, Елиезер, Јарим и Гадалија; тие ја дадоа раката своја за уверување, дека ќе ги напуштат жените свои и дека, како виновни, ќе принесат жртва по еден овен за вината своја; Од Имеровите синови: Ананиј и Завдија; Од Харимовите синови: Маасија, Елија, Самија, Јеил и Озија; Од Пасхоровите синови: Елиоинај, Масија, Исмаил, Натанаил, Јозавад и Еласа; Од левитите: Јозавад, Симеј и Ќелаја, тој е и Ќелит, Патахија, Јуда и Елиезер; Од певците: Елисав; Од вратарите, Салум, Телем и Уриј; А од Израилиците, – Фаресовите синови: Рамија, Азија, Мелхија, Мелмин, Елеазар, Асавија и Венеја; Од синовите Иламови: Матанија, Захарија, Јаил, Авдиј, Јеримот и Елија; Од синовите Затуеви: Елионај, Елисув, Матанај, Армот, Завад и Озиз; Од синовите Вавениеви: Јоанан, Ананија, Завуј и Атлај; Од синовите Вануеви: Месолам, Малух, Адаја, Јасуф, Саал и Римот; Од синовите на Фат-Моава: Еднеа, Халил, Ванаја, Маасија, Матанија, Веселеил, Вануј и Манасија; Од синовите Иримови: Елиезер, Јесија, Мелхија, Самаја, Симеон. Венјамин, Валух, Самарија; Од синовите Асимови: Метанија, Матата, Завад, Елифелет, Јеремај, Манасија и Семеј; Од синовите Ваниеви: Мадија, Амрам и Уил. Ванаија, Вадаја, Хелија, Ванија, Маримот, Елијасиф, Матанија, Матанај, Јаасај, Синови Ваниеви, и синови Семееви, Салемија, Натан, Адаија, Махнада, Авусесеј, Аруесрил, Азариел, Селемиј, Семарија, Салум, Амарија и Јосиф Од синовите Невови: Јеил, Мататија, Завад, Зевенај, Јадај, Јоил и Ванеја. Сите тие си беа зеле жени од други племиња, а некои од тие жени им беа родиле и деца. Зборовите на Неемија, синот Ахалиев. Во месецот Хаселев, во дванаесеттата година, јас бев во престолниот град Суза. Тогаш дојде Ананија, еден од моите браќа, – тој и неколку души од Јудеја. И јас ги прашав за многу нажалените Јудејци, што не беа заробени, и за Ерусалим. А тие ми рекоа: »Оние што останаа незаробени, се наоѓаат таму, во земјата своја, и се во голема неволја и понижение; а ѕидовите на Ерусалим – се урнати, и портите негови – со оган изгорени.« Кога ги чув тие зборови, седнав и заплакав и бев нажален неколку дена, постев и се молем пред Бога небесен, и реков: »Господи, Боже небесен, Боже велики и страшен, Кој го пазиш заветот и милоста кон оние, што Те сакаат и постапуваат – според Твоите заповеди! Ушите Твои нека бидат внимателни и очите Твои отворени, за да ја чујат молитвата на Твојот слуга, со која сега се молам дење и ноќе пред Тебе за синовите Израилеви, слугите Твои, и се исповедувам за гревовите на синовите Израилеви, со кои згрешивме пред Тебе, згрешивме – јас и домот на таткото мој. Ние станавме престапници пред Тебе и не ги запазивме ни заповедите, ни наредбите, ни законите, што ги беше дал на Мојсеја, Твојот слуга. Но присети се на зборот, што му го беше дал на Мојсеја, Твојот слуга, велејќи: ‚Ако станете престапници, ќе ве растурам меѓу народите, а кога ќе се обрнете кон Мене и ќе ги пазите Моите заповеди и ќе ги извршувате, тогаш, макар да сте изгонети и на крајот на небото, и оттаму ќе ве приберам и ќе ве одведам на местото што сум го одбрал, за да го воведам таму името Свое.‘ А тие се Твои слуги и Твој народ, што Си го откупил со големата Своја сила и со моќната Своја рака. Ти се молам, Господи, нека биде увото Твое внимателно кон молитвата на Твојот слуга и кон молитвата на Твоите слуги, кои сакаат да се плашат од името Твое. Помогни му сега на Твојот слуга и воведи го во милоста на тој човек.« – Јас бев пехарник кај царот. Во дваесеттата година од царувањето на Артаксеркса, во месецот Нисан, имаше пред него вино. Јас го зедов виното и му го подадов на царот, и бев натажен пред него. Но царот ме праша: »Зошто ти е нажалено лицето? Ти не си болен, такво нешто нема, но секако имаш тага на срцето.« Јас многу се уплашив и му реков на царот: »Нека е жив царот засекогаш! Како да не ми биде тажно лицето кога градот, домот, каде што се гробовите на татковците мои, е запустен, и портите негови со оган се изгорени!« И царот ми рече: »Па што бараш?« Јас се помолив на Бога небесен и му одговорив на царот: »Ако му е угодно на царот, и ако твојот слуга нашол благоволение пред лицето твое, тогаш испрати ме во Јудеја, во градот, каде што се гробовите на татковците мои, за да го изѕидам.« И ми рече царот и царицата, која седеше до него: »Колку време ќе трае патот твој, и кога ќе се вратиш?« И царот се согласи да ме пушти, откако го определив времето. Тогаш му реков на царот: »Ако благоволи царот, нека ми се даде писмо до задречните обласни кнезови, за да ми дозволат пропуст, додека стигнам до Јудеја, и писмо до Асафа, чуврот на царските шуми, да ми даде дрва за вратите на тврдината, што е при Божјиот дом, и за градските ѕидишта, и за куќата, во која ќе живеам.« И царот ми даде, бидејќи благодатната рака на мојот Бог беше над мене. Кога стигнав при задречните обласни кнезови, им ги предадов царските писма. А царот беше испратил со мене воени началници со коњаници. Кога го слушнаа тоа Саваналат, Аронит и Товија, слуга амонитски, им стана многу непријатно, што дошол човек да се грижи за доброто на синовите Израилеви. Пристигнав во Ерусалим и останав таму три дни. Потоа станав ноќе со неколку души, што беа при мене, и никому не му кажав, што ми ставил мојот Бог на срце да направам за Ерусалим; а немаше никакво добиче со мене, освен она на коешто јавав. Така минав ноќе преку Долинските Порти пред изворот во смокварникот и низ Гноиштните Порти, ги разгледав разрушените ѕидишта на Ерусалим и изгорените негови порти со оган. И дојдов до Изворните Порти и до царското езеро, но таму немаше место да мине добичето, што беше под мене; и се вратив назад по долот ноќе и ги разгледав ѕидиштата и, откако минав пак низ Долинските Порти, се вратив. Но старешините не знаеја, каде одев и што правев: дотогаш не им бев открил ништо ни на Јудејците, ниту на свештениците, ниту на првенците, ниту на началниците, ниту на другите работници. Затоа им реков: »Гледате во каква неволја се наоѓаме; Ерусалим опусте, и портите негови со оган се изгорени; да одиме и да ги изградиме ѕидовите на Ерусалим, та да не бидеме веќе за срам пред луѓето.« И им раскажав, дека благодатната рака на мојот Бог беше над мене, – и за зборовите на царот, што ми ги кажа. Па им реков: »Да станеме и да градиме!« Тогаш им се зацврстија рацете во добро дело. Кога го слушнаа тоа Саваналат Аронит и Товија, слуга амонитски, и Гисам Арабјанин, ни се потсмевнуваа и рекоа со презир: »Каква е таа работа што ја вршите? Не мислите ли повеќе да се буните против царот?« Јас им одговорив и реков: »Бог небесен, Он ќе ми помогне, и ние, слугите Негови, ќе почнеме да ѕидаме, а за вас нема да има ни дел, ни право, ни спомен во Ерусалим.« И стана Елијашив, големиот свештеник, и браќата негови, свештеници, и изградија Овчи Порти: ги осветлија и ги ставија вратите нивни и ги осветлија од кулата Меа до кулата Хананела. До него градеа Јерихонците, а до нив градеше Закхур, син Аманиев. Рибна Порта изградија синовите Асанаеви: тие ги покрија и ги ставија вратите нивни, клучалниците нивни и резињата нивни. До нив Меремот, син на Урија, син Акосов, го поправаше ѕидот; до нив Мосолам, син Варахиев, син Мозевилов; до нив поправаше Садок, син Ванин. До нив поправаа Текојци; но некои од нив, повидните, не го свиткаа грбот за да поработат за својот Господ. Старите порти ги поправаа Јоизда, син Пасеахов, и Мешулам, син Весодиев; ти ги покрија и ги ставија вратите нивни, клучалките нивни и резињата нивни. До нив поправаше Малтија, Гаваонец, и Јадон од Меронот, со жителите на Гаваон и Масфа, потчинетите на задречниот кнез. До него поправаше Озиил, син Архиев, златар, а до него поправаше Ананија, син Ракеимов. Тие го обновија Ерусалим до широкиот ѕид. До нив поправаше Рефаија, син Суров, началник на Ерусалимскиот полукруг. До нив и спроти куќата своја поправаше Једаија, син Ероматов, а до него поправаше Атут, син Асаваниев. На вториот дел поправаше Мелхија, син Мрамов, и Асув, Фет-Моавов син; тие исто така ја поправаа и Кулата кај печката. До нив поправаше Салум, Алаисов син, началник на Ерусалимскиот полуокруг, – тој и ќерките негови. Долинските Порти ги поправаше Анун, и жителите од Занон: тие ги изградија и ги ставија вратитие нивни, клучалките нивни и резињата нивни: Тие уште поправаа и илјада лакти од ѕидот до Гноишните Порти. А Гноишните Порти ги поправаше Мелхија, Риханов син, начланик на Виткрамскиот округ: тој ги изгради и ги стави вратите нивни, клучалките нивни и резињата нивни. Изворните Порти ги поправаше Соломон, Халезеов син, началник на округот Мисфа: тој ги изгради, ги покри и ги стави вратите нивни, клучалките нивни и резињата нивни; тој го поправаше и ѕидот при бањата Силоам, спроти царската градина и од скалите, што слегуваа од Давидовиот град. По него поправаше Неемија, Завухов син, начланик на Битсрускиот полукруг, до Давидовите гробници и до ископаното езеро и до куќата на храбрите. По нив поправаа левитите: Рехум, Ваниев син; до него поправаше, за својот округ, Асавија, началник на Кеилскиот полукруг. По нив поправаа браќата нивни: Венеи, Инададов син, началник на Келилскиот полуокруг. А до него поправаше Азур, Исусов син, начланик на Мисфа, на вториот дел, спроти излезот кон оружницата на аголот. По него ревносно поправаше Варух, Завуев син, на вториот дел, од аголот до куќната врата на Елијасува, големиот свештеник. По него поправаше Мерамот, син на Урија, син Акосов, на вториот дел, од куќната врата на Елијасивови до крајот на Елијасивовата куќа. По него поправаа свештениците од околината. По него поправаа Венијамин и Асув, спроти својата куќа; по нив поправаше Азарија, син на Масија, Ананиев син, до куќата своја. По него поправаше Ванеј, син Ададов, на вториот дел, од Азариевата куќа до аголот и свиокот. По него – Фалах, Узаинов син, спроти аголот и кулата, што се издига од горниот царски дом при затворскиот двор. По него Фадаија, Фаросов син. А Нетинејците, што живееја во Офал, поправаа спроти Водните Порти кон исток и до издадената кула. По нив поправаа Текојците, на другиот дел, на местото спроти големата издадена кула до Офалскиот ѕид. Од Конските Порти понатаму поправаа свештениците, секој спроти куќата своја. По нив поправаше Садок, Сехениев син, чувар на источните порти. По него поправаше Ананија, Шелемиев син, и Ханун, шестиот син Цалафов, на вториот дел. По него поправаше Мешулам, Верехиев син, спроти собата своја. По него поправаше Малхија, Хацорфиев син, до куќата на Нетинејците и трговците, спроти Хамифкадските Порти дури до аголната горнина. А меѓу аголната горнина и Овчите Порти поправаа златари и трговци. Кога чу Санавалат, дека ги ѕидаме ѕидовите, се налути и додеваше многу и се подигруваше со Јудејците; и зборуваше пред браќата свои и пред самариските воени луѓе, велејќи: »Што прават тие проклети Јудејци? Зар ќе им го дозволат тоа? Зар тие ќе принесат жртви? Зар ќе завршат некогаш? Зар ќе ги оживеат камењата од купиштата прав, и притоа изгорени?« А до него Товија, Амонитецот, рече: »Нека го ѕидаат; ќе мине лисицата и ќе ги срине камените ѕидови нивни.« Чуј, Боже наш, на каков презир сме, и сврти ја таа нивна подигравка врз главите нивни, предај ги на презир во земја во пленство. Не ги прикривај беззаконијата нивни, и гревот нивни да не биде избришан пред лицето Твое, бидејќи Те огорчија оние што ѕидаат. Ние сепак го градевме ѕидот, и целиот ѕид високо беше поврзан до половината негова. И на народот му беше при срце да работи. Кога слушнаа Санавалат и Товија, и Аралците, и Амонитите, и Азотите, дека ерусалиските ѕидови се возобновуваат, дека расипаното почна да се исполнува, многу се разгневија. И се договорија да одат заедно да војуваат против Ерусалим и да го разрушат. А ние му се молевме на нашиот Бог и поставивме спроти нив стража дење и ноќе, за да се спасиме од нив. Но Јудејците рекоа: »Ослабна силата на носачите, а земја од урнатините има многу; не можеме да го градиме ѕидот.« А непријателите наши, пак, велеа: »Нема да успеат и нема да видат, кога наеднаш ќе влеземе меѓу нив, ќе ги убиеме, и ќе ја запреме работата.« Доаѓаа Јудејците, што живееја до нив, и ни говореа на десетина пати од сите места дека ќе нѐ нападнат, тогаш по ниските места на градот, зад ѕидот, по сувите места, го поставија народот по родови со мечевите нивни, со копјата нивни и со лаковите нивни. Па погледнав и станав, та им реков на првенците и војводите и на другиот народ: »Не плашете се од нив; помнете Го Господа велик и страшен и бијте се за браќата свои, за синовите свои, за ќерките свои, за жените свои и за куќите свои.« Кога слушнаа нашите непријатели, дека ни е познато што кројат, тогаш Бог го растури нивниот заговор, и ние сите се вративме кај ѕидот, секој на својата работа. Од тој ден половината од младите при мене се наоѓаа на работа, а другата половина нивна стоеја со копја, штитови, лакови и оклопи; а војводите нивни беа зад целиот дом Јудин. Оние, што го градеа ѕидот и носеа товари, што им се наложуваа, со едната рака ја вршеа работата, а во другата рака држеа копје. Сите градители беа препашани со меч околу половината, и така градеа, а до мене беше трубачот. И им реков на првенците и началниците и на другиот народ: »Работата е голема и просторна, а ние сме распрснати по ѕидот и оддалечени едни од други; затоа, од каде ќе чуете трубен звук, во тоа место собирајте се при нас: Бог наш ќе се бори за нас.« Така ја теравме работата; и половината ги држеа копјата откако зората се појави, додека ѕвездите да излезат. Освен тоа, истовремено му бев порачал на народот да ноќеваат во Ерусалим сите со слугите свои, – и да бидат тие кај нас ноќе на стража, а дење на работа. И ниту јас, ниту браќата мои, ниту стражарите, што ме придружуваа, не ги соблекувавме облеките свои, и секој од нас имаше при рака меч и вода. Се крена голем врисок од луѓето и нивните жени, против Јудејците, браќата нивни. Имаше едни, кои велеа: »Ние, синовите наши и ќерките наши сме многу; и ние би сакале да си набавиме жито, да се храниме и да живееме.« Имаше и такви, што велеа: »Ги заложуваме нивните свои, лозјата свои и куќите свои, за да си набавиме жито при оваа глад.« Имаше и такви, кои велеа: »Ние позајмуваме сребро за царскиот данок за нивите и лозјата свои; ние имаме исто тела, какви што се телата на браќата наши, и синовите ни се такви, какви што се нивните синови, а ете, ние сме должни да ги даваме синовите свои и ќерките свои за слуги, а, пак некои наши ќерки веќе се наоѓаат во ропство. Нема никакви средства за откуп во рацете наши; и нивите наши и лозјата наши се во рацете на големците.« Кога го чув нивниот врисок и тие зборови, многу се јадосав. Срцето мое се возбуди, и јас строго ги искарав првенците и војводите, велејќи им: »Вие земате лихва од браќата свои.« И свикав против нив големо собрание, па им реков: »Ние според силите свои ги откупуваме браќата свои Јудејци, продадени на народите, а вие ги продавата браќата свои, и тие ни се продаваат нам?« Тие молчеа и не знаеја, што да одговорат. Тогаш реков: »Не е добро што правите. Нели треба да одите во страв пред нашиот Бог, за да го одбегнете потсмевот на народите, нашите непријатели? И јас и браќата мои и оние што служат при мене им даваме на заем и сребро и жито: да им го простиме тој долг. Вратете им ги уште денес нивните ниви, лозјата нивни и маслиновите градини нивни, и куќите нивни, и лихвата од среброто, житото, виното и елејот, што сте го зеле од нив.« А тие одговорија: »Ќе го вратиме и нема ништо да бараме од нив; ќе направиме така, како што велиш.« Тогаш ги повикав свештениците и им заповедав да дадат клетва, дека ќе направат така. Па ја истресов облеката своја и реков: »Така да го истресе Бог секој човек, што нема да го одржи тој збор, од домот негов, од имотот негов, и така да биде во него истресено и празно сѐ!« И целото собрание рече: »Амин!« и го прославија Бога; и народот го одржа тој збор. Од тој ден, кога бев определен за нивни управител во Јудејската земја, од дваесеттата година до триесет и втората година на царот Артаксеркс, во текот на дванаесет години, јас и браќата мои не јадевме управителски леб. А поранешните управители, што беа пред мене, го оптоваруваа народот и земаа од него жито и вино, освен четириесетте сикли сребро; дури и слугите нивни владееја над народот. Но јас не правев така поради страв Божји. Притоа јас ги поттикнував работите кај овој ѕид; и ниви не купувавме, а сите мои слуги се собираа таму на работа. При мене на трпезата имаше по сто и педесет души Јудејци и началници, освен оние што доаѓаа при нас од околните народи. И, еве, што се приготвуваше за еден ден: еден бик, шест одбрани овци и птици се готвеа кај мене; и секои десет дена се набавуваа различни вина во изобилие. И при сето тоа јас не сакав управителски леб, зашто тешка работа лежеше врз тој народ. Боже мој, спомни ме мене за сето добро, што го направив за овој народ! Кога слушна Санавалат, Товија и Гисам, Арабјанинот и другите наши непријатели, дека јас го изѕидав ѕидот, и повреда на него не остана – до тоа време, меѓутоа, не бев поставил уште врати на портите, – тогаш Санавалат и Гисам испратија да ми кажат: »Дојди, и ќе се сретнеме во едно од селата во рамината Оно!« Тие кроеја да ми направат лошо. Но јас испратив пратеници да им кажат: »Зафатен сум со голема работа, не можам да слезам; работата ќе запре, ако ја оставам и слезам при вас.« Четирипати испраќаа при мене сѐ со таква покана и јас им одговарав исто. Тогаш Санавалат го испрати по мене, за петти пат, слугата свој со отворено писмо во раката своја. Во него беше напишано: »Глас се разнесува меѓу народите, и Гисам вели, дека божем ти и Јудејците сте намислиле да се отцепите, и поради што и го ѕидаш ѕидот и сакаш да им бидеш цар, така се зборува; си поставил и пророци да разгласуваат за тебе во Ерусалим и да говорат: ‚цар јудејски!‘ А таквите зборови ќе дојдат до царот. Затоа дојди, и ќе се посоветуваме заедно.« Но јас испратив да му кажат: »Ништо такво немало, за што зборуваш; сам си го измислил со својот ум.« А тие сите нѐ плашеа, велејќи: »Ќе им капнат рацете од таа работа, и таа нема да се заврши.« Но јас уште повеќе си ги зацврстив рацете свои. Отидов во куќата на Семеја, син на Делаја, син Метавеилев, и тој се затвори и рече: »Да појдеме во Божјиот дом, внатре во храмот, и да ја заклучиме потоа вратата на храмот, зашто ќе дојдат да те убијат ноќе.« Но јас одговорив: »Бива ли да бега човек како мене? Бива ли така како мене да влезе во храмот, за да остане жив! Не одам.« Јас знаев, дека не го беше испратил Бог, – иако ми говореше пророчки, – туку дека Товија и Санавалат го беа поткупиле. Тој беше поткупен, за да ме упраши, да постапам така и да згрешам, та да имаат за мене лошо мислење и да ме казнат за тоа со прекори. Помни ги, Боже мој, Товија и Санавалата според тие нивни дела, а исто така и пророчицата Ноадија и другите пророци, што сакаа да ме уплашат? Ѕидот беше завршен во дваесет и петтиот ден од месецот Елум, за педесет и два дена. Кога слушнаа за тоа сите наши непријатели, и ги видоа тоа сите околни народи, многу се обескуражија и дознаа дека таа работа и извршена од нашиот Бог. Освен тоа, во тие дни повидните Јудејци, пишуваа писма и ги испраќаа до Товија, а Товиевите писма одеа при нив, зашто мнозина во Јудеја беа во клетвен сојуз со него, оти тој му беше зет на Сехенија, син Ираев, а синот негов Јонатан беше женет за ќерката на Месулама, син Варахиев. Тие говореа пред мене дури и за неговата добрина, а моите зборови му се пренесуваа нему. Товија ми испраќаше писма, за да ме уплаши. Кога ѕидот беше изграден, и ги ставија вратите, а и вратарите беа пставени на службата своја, и певците и левитите, тогаш му заповедав на братот мој Ананија и на началникот на домот во Ерусалим, бидејќи тој беше од многу други поверен и побогобојазлив, и им реков: нека не ги отвораат ерусалимските порти, додека не изгрее сонцето; и вечер, додека вратарите се наоѓаат тука, нека ги затвораат и заклучуваат портите. И определив стражари од жителите ерусалимски, секој на своја стража и секој спроти куќата негова. Но градот беше широк и голем, а народ во него имаше малку, и куќите не беа изградени. И Бог мој ми вложи во срцето да ги соберам првенците и началниците и народот, за да извршам пребројување. Па го најдов родословниот список на оние што беа дошле први; во него беше напишано: ова се жителите на земјата, што се вратија од пленство, каде што беа преселени од вавилонскиот цар Навуходоносор, и се вратија во Ерусалим и Јудеја, секој во својот град, – оние, што тргнаа со Зоровавела, Исуса, Неемија, Азарија и Велма, Наемана, Мардохеја, Васана, Масфара, Ездра, Вогуја, Инаума, Вана и Масфара, бројот на народот Израилев: синовите Фаросови – две илјади и сто и седумдесет и двајца. Синовите Сафатиеви – триста и седумдесет и двајца. Синовите Ираеви – шестотини и педесет и двајца. Синовите Фет-Моавови – Исусови и Јоавови – две илјади и осумстотини и осумнаесет. Синовите Еламови – илјади и двесте и педесет и четири. Синови Затуеви – осумсторини и четириесет и пет. Синовите Заханеви – седумстотини и шеесет. Синовите Вануеви – шестотини и четириесет и осум. Синовите Вереиеви – шестотини и дваесет и осум. Синовите Гетадови – две илјади и триста и дваесет и двајца. Синовите Адоникамови – шестотини и шеесет и седум. Синовите Вагуеви – две илјади и шестотини и седум. Синовите Адинови – шестотини и педесет и пет. Синовите Атирови, од Езекиевиот дом – деведесет и осум. Синовите Исамиеви – тирста и дваесет и осум. Синовите Васееви, триста и дваесет и четири. Синовите Арифови – сто и дванаесет. Родените во Гаваон – деведесет и пет. Жителите од Витлеем и Нетофа – сто и осумдесет и осум. Жителите од Анатот – сто и дваесет и осум. Жителите од Вет-Асмавет – четириесет и двајца. Жителите од Киријат-Јарим, Кафер и Вирот – седумстотини и четириесет и тројца. Жителите од Рама и Гава – шестотини и дваесет и еден. Жителите од Махмас – сто и дваесет и двајца. Жителите од Ветил и Гај – сто и дваесет и тројца. Жителите од другиот Невон – педесет и двајца. Синовите од другиот Елам – илјади и двесте и педесет и четворица. Синовите Арамови – триста и дваесет. Родени во Јерихон – триста и четириесет и пет. Родени во Лод, Адид и Оно – седумстотини и дваесет и еден. Родени во Сенеја – три илјади и деветстотини и триесет. Свештениците: синови Јодаеви, од Исусовиот дом – деветстотини седумдесет и тројца. Синови Емирови – илјада и педесет и двајца. Синови Фасеурови – илјада и двесте и четириесет и седум. Синови Ирамови – илјада и седумнаесет. Левитите: синови Исусови, од Кадмииловиот дом, од домот на Удуловите синови – седумдесет и четири. Певците: синови Асафови – сто и четириесет и осум. Вратарите: синови Салумови, синови Атирови, синови Талмонови, синови Акувови, синови Атитови, синови Соваеви – сто и триесет и осум. Нетинејци: синовите на Илај, синовите на Асефа, синови Јаваотови, синовите Кирасови, синовите на Сисанија, синовите Фадонови, синовите на Лавана, синовите на Агава, синовите Салмаеви, синовите Ананови, синовите Гиделови, синовите Гарови, синовите Реајеви, синовите Ресинови, синови на Некода, синовите Гизамови, синовите Озаови, синовите Фесови, синовите Висаеви, синовите Меунимови, синовите Нафусесимови, синовите Ваквукови, синовите на Акуфови, синовите Арурови, синовите Васалтови, синовите на Мида, синовите Адасанови, синовите Варкуеви, синовите на Сисара, синовите Тимаеви, синовите Нисиниеви, синовите на Атифа. Синовите на слугите Соломонови: синовите Сутеинови, синовите Сафаратови, синовите на Ферида, синовите на Лели, синовите на Доркон, синовите Годаилови, синовите Сефатиеви, синовите Атилови, синовите од Харет, синовите Амониеви. Сите Нетинејци и синовите од слугите Соломонови – триста и деведесет и двајца. Еве ги и оние што излегуваа од Телмелех, Тел-Арис, Херув, Адон и Имир, но не можеа да го кажат поколението свое и родот свој, дали се и тие од Израилот: синовите Делаиеви, синовите Товиеви, синовите на Некода – шестотини четириесет и двајца. А од свештениците: синовите Ховаиеви, синовите Акосови, синовите на Верзелија, кој беше женет со ќекрата на Галадецот Верзелија и почна да се презива според нивното име. Тие го бараа родословниот список, но не се најде, та затоа беа исклучени од свештенството. И Атерсат им рече да не ја јадат големата светиња, сѐ додека не се издигне свештеник со урим и тумим. Целото општество заедно беше четириесет и две илјади и триста и шеесет души, освен слугите нивни, кои беа седум илјади и триста и триесет и седум; и при нив уште певци и певици – двесте и четириесет и пет. Коњи имаа седумстотини и триесет и шест, маски имаа двесте и четириесет и пет, камили – четиристотини и триесет и пет, осли – шест илјади и седумстотини и дваесет. Некои од родовските началници дадода приноси, за да врват работите. Агерсат даде во сокровишницата илјада драхми злато, петстотини чаши, петстотини и триесет свештенички одежди. А некои од старешините дадоа во сокровишницата, за да напредуваат работите, дваесет илјади драхми злато и две илјади и двесте мнаси сребро. Други од народот дадоа дваесет илјади драхми злато и две илјади мнаси сребро и шеесет и седум свештенички одежди. И така се населија во градовите свои свештеници и левити, и вратари и певци, и народ и Нетинејци и сиот Израил. Кога настана седмиот месец, и синовите Израилеви живееја по градовите, се собра сиот народ како еден човек на плоштадот, што е пред Водните порти, и му рекоа на книжникот Ездра, да ја донесе книгата на Мојсеевиот закон, која Господ му ја беше дал на Израилот. И свештеникот Ездра го донесе Законот пред собранието од мажи, жени и сите, што можеа да разбираат, во првиот ден на седмиот месец; и читаа од него на плоштадот, што е пред Водните порти, од осамнување до пладне, пред мажите, жените и сите што можеа да разберат; и ушите на сите луѓе беа насочени кон книгата на Законот. Книжникот Ездра стоеше на повисоко место што се приготви за таа цел, а до него десно стоеја Мататија, Сема, Ананија, Урија, Хелкија и Масија, а лево од него – Федаија, Мисаил, Малхија, Асум, Асвадан, Зарахија и Месулам. Ја отвори Ездра книгата пред очите на сиот народ, зашто тој стоеше повисоко од сиот народ. А кога ја отвори, сиот народ стана. Тогаш Ездра го благослови Господа, Великиот Бог. И сиот народ одговараше: амин, амин, – кревајќи ги рацете угоре, клањајќи се и паѓајќи ничкум доземи пред Господа. А Исус, Ванаја, Саравија, Акан, Саватеј, Камтас, Азарија, Јозавадан, Анифанес и левитите му го објаснуваа законот на народот, а народот стоеше на местата свои. И читаа разбирливо од книгите, од Законот Божји, и даваа толкување, и народот го разбираше прочитаното. Тогаш Неемија, и книжникот Ездра, свештеник, и левитите, кои го чуваа народот, му рекоа на сиот народ: »Овој ден е свет пред Господа, вашиот Бог; не тажете и не плачете,« – зашто сиот народ плачеше, слушајќи ги зборовите на Законот. И им рече: »Одете, јадете... мрсно и пијте слатко, и испратете им делови на оние, што немаат приготвено, зашто овој ден е свет пред нашиот Господ. Не тажете, зашто радоста пред Господа е поткрепа за вас.« И левитите го утешуваа сиот народ, велејќи: »Престанете, зашто овој ден е свет, не тажете.« И појде сиот народ да јаде и да пие и да испраќа делови и да празнува со голема радост, зашто ги разбраа зборовите, што им ги кажаа. На другиот ден се собраа старешините на родовите од сиот народ, свештениците и левитите при книжникот Ездра, за да им ги објасни зборовите на Законот. И го најдоа напишаното во Законот што Господ го беше дал преку Мојсеја, дека на празникот во седмиот месец синовите Израилеви треба да живеат во сеници. Затоа објавија и разгласија по сите свои градови и во Ерусалим, велејќи: »Одете во гората и донесете вејки од питома маслина, вејки од дива малина, вејки миртови, вејки палмови и вејки од други широколисни дрвја, за да направите сеници според запишаното.« Отиде народот и донесоа, та си направија сеници, секој на покривот свој и во дворовите свои, и во дворовите на Божјиот дом, и на плоштадот при Водните Порти, и на плоштадот при Ефремовите Порти. Целото општество од оние, што се беа вратиле од пленство, направи сеници и живееја во сеници. Од дните на Исуса, синот Навинов, та до тој ден не беа правеле така синовите Израилеви. Радоста беше многу голема. И читаа во книгата на Законот Божји секој ден, од првиот ден до последниот. И го празнуваа празникот седум дена, а на осмиот ден – се одржа собор според уредбата. На дваесет и четвртиот ден од тој месец се собраа сите синови Израилеви, постејќи, во вреќишта и со пепел на главите свои. И се оддели Израилевото семе од сите другоротци, станаа, па ги исповедаа гревовите свои и престапите на татковците свои. И стоеја на местата свои, и четврт ден читаа од книгата на законот Господов, својот Бог, а во другата четвртина се исповедаа и му се клањаа на Господа, својот Бог. И застанаа на повисоко левитско место: Исус, Ванија, Кадмил, Саланија, Вуниј, Саравија, Ванија, Анани и силно повикаа кон Господа, својот Бог. И рекоа левитите – Исус, Кадмил, Ванија, Севаија, Саравија, Одија, Севанија, Петахија: »Станете, славете Го Господа, вашиот Бог, од века до века, и нека се славослови преславното Твое име, кое е повисоко од секое славословие и похвала!« И рече Ездра: »Ти, Господи, Кој си еден, Ти го создаде небото, небесата на небесата и сета нивна војска, земјата и сѐ, што е по неа, морињата и сѐ, што е во нив, и Ти го оживуваш сето тоа, и небесните воинста Ти се клањаат. Ти сам, Господи Боже, го избра Аврама, ги изведе од Ур Халдејски и му даде име Авраам, и го најде срцето негово верно пред Тебе, и склучи со него завет, за да му ја дадеш нему и на семето негово земјата на Хананејците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Јевусејците и Гергесејците. И Ти го исплни зборот Свој, зашто си справедлив. Бидејќи Ти ја виде маката на Татковците наши во Египет и ја чу нивната поплака при Црвеното Море, и покажа знаци и чудеса над Фараонот и над сите негови служители и над сиот народ од земјата негова, бидејќи Ти знаеше, оти тие постапија горделиво со нив, и Ти Си создаде име до денес. Ти го пресече пред нив морето, и тие минаа среде море како по суво, а оние што те гонеа, Ти ги фрли во длабочините како камен во силни води. Во облачен столб Ти ги водеше дење и во огнен столб – ноќе, за да им го осветлуваш патот, по кој требаше да одат. И слезе Ти на гората Синај и говореше со нив од небото, им даде праведен суд, вистински закони, наредби и добри заповеди. И им ја покажа Твојата света сабота и преку Твојот слуга Мојсеј им даде заповеди, наредби и закон. И кога гладуваа, Ти им даваше леб од небото, а кога беа жедни, им извади вода од камен, и им рече да одат и да ја завладеат земјата, која Ти, откога ја крена раката, се заколна дека ќе им ја дадеш. Но тие, нашите татковци, беа упорни, се покажаа тврдоглави и не ги послушаа Твоите заповеди; не сакаа да се покоруваа и не се сетија на Твоите чудесни дела, што беше ги направил со нив, станаа тврдоглави и со својата упорност поставија над себеси водач, за да се вратат во ропството свое. Но Ти си Бог, Кој сака да проштева, добар и милостив, долготрпелив и многумилостив, и Ти не ги остави. И макар што беа излеале теле и беа рекле: ‚ете го твојот бог, што те изведе од Египет‘ – и макар што правеа големи оскрбувања, Ти, поради големото Свое милосрдие, не ги остави во пустињата; облачниот столб не се одлепуваше од нив дење, за да ги води по патот, и огенениот столб – ноќе за да им свети по патот, по кој требаше да одат. Ти им го даде Твојот благ Дух, за да ги поучува, и не ја одземаше маната Своја од устата нивна, па и вода им даваше за гаснење на жедта нивна. Четириесет години ги хранеше во пустињата; но ништо не трпеа скудност, облеката не им оветвуваше, нозете не им потекуваа. И Ти им даде царства и народи и им ги раздели, и тие ја завладеаја земјата на Сион и земјата на есевонскиот цар, и земјата на Ога, царот васански. И им ги умножи синовите нивни како небесните ѕвезди и ги воведе во земјата, за која им беше говорел на татковците нивни, дека ќе дојдат да ја владеат. И синовите нивни влегоа и ја завладеаја земјата. И ти им го потчини жителите на таа земја – Хананејците, и ги предаде во рацете нивни со царевите и народите на земјата, за да постапуваат со нив според волјата своја. И тие ги зазедоа утврдените градови и плодната земја, и завладеаја куќи, полни со секаков имот, направени извори во камен, лозја и маслинови градини и многу плодни дрвја за храна. Тие јадеа, се наситуваа, се дебелеа и се насладуваа од Твојата голема добрина; и тие станаа упорни и се креваа против Тебе, го презреа Твојот закон, ги убиваа Твоите пророци, кои сведочеа да се обратат кон Тебе, и правеа големи оскрбувања. И Ти ги предаде затоа во рацете на непријателите нивни, кои ги угнетуваа. Но секогаш кога, во тешко време за нив, ќе повикаа кон Тебе, Ти ги слушаше од небесата и, по големото Свое милосрдие, им даваше спасители, што ги спасуваа од рацете на непријателите нивни. А кога се успокојуваа, пак почнаа да прават зло пред Твоето лице, и Ти ги предаваше во рацете на непријателите нивни, и тие владееја со нив. Но кога пак ќе повикаа кон Тебе, Ти ги слушаше од небесата и, според големото Свое милосрдие, многупати ги спасуваше. Ти им напомнуваше да се обрнат кон Твојот закон, но тие беа тврдоглави и не ги слушаа Твоите заповеди, се отстрануваа од Твоите закони, преку кои би живеел човек, ако ги исполнуваше, го свиткаа грбот, се покажаа тврдокорни и не слушаа. Чекајќи да се обрнат, Ти одлагаше многу години и им напомнуваше со Твојот Дух преку пророците Свои, но тие не слушаа. Тогаш ги предаде во рацете на туѓи народи. Но, по големото Свое милосрдие, Ти не ги истреби докрај и не ги оставаше, бидејќи Ти си Бог добар и милостив. И сега, Боже наш, Боже велики, силни, страшен, Кој го пази заветот и милоста, нека не биде мало пред лицето Твое сето страдање, што нѐ снајде нас, царевите наши, кнезовите наши, свештениците наши, татковците наши и сиот Твој народ од дните на асирските цареви до денес. Во сѐ, што нѐ снајде, Ти си праведен, зашто Ти вршиш според правдата, а ние сме виновни. Царевите наши, кнезовите наши, свештениците наши и татковците наши не го извршуваа Твојот закон и не им посветуваа внимание на Твоите заповеди и Твоите опомени, со кои ги потсетуваше. И во своето царство, при Твојата голема добрина што им ја укажуваше, и во широката и плодородна земја, што им ја оддели, тие не Ти служеа и не се одваратуваа од своите лоши работи. И, еве, сега сме робови; во таа земја, што Ти им ја даде на татковците наши, за да се хранат од плодовите нејзини и од благата нејзини, еве, сега ние ѝ робуваме. И своите плодови таа изобилно ги принесува за царевите, на кои што нѐ потчини заради гревовите наши. И тие по своја волја владеат над телата наши, и над добитокот наш, и ние сме во голема мака.« Поради сета тоа даваме цврст завет и потпишуваме, и на потписот е печатот на кнезовите наши, левитите наши и свештениците наши. Оние што удрија печат, беа: Неемија, Артастас, син Ахилиев, и Седекија, син Араиев Серанија, Азарија, Јеремија, Фасур, Амарија, Мелхија, Атуст, Севанија, Малух, Ирим, Мерамот, Адија, Даниил, Ганатон, Варух, Месулам, Авија, Мијамин, Мазија, Велгај, Самаија: тоа се свештеници. Левити: Исус, син Азариев, Внеј, од синовите Инададови, и Кадмиил; и браќата нивни: Саванија, Одуија, Камтан, Фелија, Анан, Миха, Рехов, Асевија, Закхор, Саравија, Севанија, Одуја, Вануиј, синови Ваниуеви. Народните кнезови: Фарос, Фат-Моав, Илам, Затуј, синови Ваниини, Азгад, Вивај, Ананија, Вагој, Идин, Атир, Езекија, Азур, Одувија, Исм, Висиј, Ариф, Анатот, Новај, Мегафис, Месуалм, Изир, Месезевил, Садук, Једуја, Фалтија, Анан, Анаја, Осија, Ананија, Асув, Адој, Фала, Совик, Фаум, Есаванија, Масија, Ахија, Енан, Инам, Малух, Ирам, Вана. И другиот народ, свештеници, левити, вратари певци, Нетинејци и сите, што беа минале од туѓите народи кон законот Божји, жените нивни, синовите нивни, ќерките нивни, сите, што можеа да разберат, се присоединија кон браќата свои, кон најчесните од нив, и се обврзаа со клетва и проклетство – дека ќе постапуваат по Божјиот закон, даден преку раката на Божјиот слуга Мојсеј, и дека ќе ги пазат и извршуваат сите заповеди на Господа, нашиот Бог, и повелбите Негови, и наредбите Негови. И да не ги даваат ќерките свои на туѓи народи, и нивните ќерки да не ги земаат за синовите свои; и кога туѓите народи ќе дотераат добиток и сѐ за продавање во сабота, да не земаат од нив во сабота и во свештениот ден, и на седмата година да проштеваа секакви долгови. И си поставивме за закон да даваме од себеси по една третина од сикла годишно за потребите на домот на нашиот Бог: за лебовите на предложението, за постојаниот лебен принос и за постојаната сепаленица, за саботите, за новомесечијата, за празниците, за свештените предмети и за жртвите за грев, за очистување на Израилот, и за сѐ што се врши во домот на нашиот Бог. И фрливме жреб ние, свештениците, левитите и народот, за набавка на дрва, кога кое наше поколение, во одредено време секоја година да ги дотерува во домот на нашиот Бог, за да горат врз жртвеникот на Господа, како што е запишано во Законот. Се обврзавме уште да принесуваме секоја година во домот Господов првини од земјата своја и првини од плодот на секое дрво; исто така – да ги приведуваме во домот на нашиот Бог, првородените од синовите свои и од добитокот свој, како што е пишано во законот, првородените од крупниот и ситниот добиток свој. И првини од меленото жито наше, и нашите приноси, и плодови од секое дрво, и вино, и елеј ќе им испраќаме на свештениците во ќелиите при домот на нашиот Бог, и десеток од земјата своја – на левитите. Тие, левитите, ќе собираат десетотк во сите градови, каде што имаме земјоделство. При левитите, кога собираат левитски десеток, ќе има свештеник, син Аронов, та левитите да го однесат десетокот од својот десеток во домот на нашиот Бог, во просториите одредени за клетови. Зашто во тие простории како Израилевите синови, така и левитите се должни да носат сѐ, што се принесува како дар: жито, вино и елеј. Таму се и свештените садови, и свштениците што служат, и вратарите и певците. И ние нема да го оставиме домот на нашиот Бог. И се населија кнезовите народни во Ерусалим, а другите од народот фрлија жреб, за еден од десетте делови нивни да живее во градот Ерусалим, а деветте – во другите градови. И народот ги благослови сите, кои доброволно се согласија да живеат во Ерусалим. Еве ги старешините на земјата, што живееја во Ерусалим, – а во градовите на Јудеја сите живееја на својот имот, по градовите свои: Израилците, свештениците, левитите и Нетинејците, и синовите на Соломоновите слуги. Во Ерусалим се настанија и некои од синовите Јудини и од синовите Венијаминови; од Јудините синови: Атаија, син на Озија, син Захариев, син Амариев, син Сафатиев, син Малелеилов, од синовите Фаресови, и Масија, син на Варуха, син Колхозеев, син Хазаиев, син Адаиев, син Јоариев, син Захариев, син Еилониев. Сите Фаресови синови, што живееја во Ерусалим, беа четиристотини и шеесет и осум, храбри луѓе. А, еве, ги синовите Венијаминови: Силон, син Месуламов, син Јоадов, син Фадаиев, син Јолиев, син Масиев, син Етилев, син Јесеев, и по него Гевеил Силиев – деветстотини и дваесет и осум. Јоил, синот Захариев, беше началник над нив, а Јуда, синот Сенуиев, беше втор над градот. Од свештениците: Јадија, син Јоариев, Јахин. Сареја, син Елхиев, син Месуламов, син Садуков, син Мериотов, син Етодов, началник на Божјиот дом, и нивните браќа, кои вршеа служба во Божјиот дом, – осумстотини и дваесет и двајца; и Адаија, син Јероамов, син Фалалиин, син Намасов, син Захариев, син Фасетуров, син Мелхиев, и браќата негови, старешини на родовите – двесте четириесет и двајца; и Амесај, син Ездриилов, син Азаев, син Месилимотов, син Емиров, и браќате негови, мажи воинствени – сто и дваесет и осум. Началник им беше Завадиил, син на големите. А од левитите: Самаија, син Асувов, син Езрикамов, син Асавиин, син Воинин, и Саватеј, и Јозавад од левитските началници за надворешни работи на Божјиот дом, и Матанија, син на Миха, син Зехриев, син Асафов, водител при славословието, а Јуда на молитвата, и Вокхија, втор по него од браќата негови, и Авдија, син Самеев, син Галелов, син Идитунов. Сите левити од светиот град беа двесте и осумдесет и четири. А вратари: Акув, Теламин и браќата нивни, стражари при портите – сто и седумдесет и двајца. Другите Израилци, свештениците и левитите, живееја по сите градови на Јудеја, секој во својот дел. А Нетинејците живееја во Офел: над Нетинејците беа Сијај и Гесф. Началник на левитите во Ерусалим беше Озиј, син Ваниин, син Савиев, син Матаниев, син Михаев од синовите Асафови, кои беа певци при службата на Божјиот дом; зашто од царот имаше за нив посебна заповед, и беше одредена плата за певците за секој ден одредена. И Фетеја, син Масиозавилов, од синовите на Зара, Јудин син, беше заменик на царот за сите работи, што се однесуваа на народот. Од оние, пак, што беа по селата, на нивите свои, некои од Јудините синови живееја во Киријат-Арба и во нејзи потчинетите градови, во Диван и во потчинетите му градови, во Јекавсеил и во селата негови, во Јесуја, во Молада и во Ветфалад, во Асерсал, во Вирсавија и во градовите, нејзе потчинети, во Секелаг, во Макне, и во нему потчинетите градови, во Ремаон, во Сара и во Јеримут, во Заиној, Одолам и селата нивни, во Лахис и полињата негови, во Азик и во потчинетите му градови; тие се беа сместиле од Вирсавија дури до Емоновата долина. Синовите Венијаминови – почнувајќи од Гева, во Махмас до Ветил и во сите села негови, во Анатот, Нов, Аниија, Асор, Рама, Гетаим, Адод, Севоим, Навалат, Лида, Оно и во долината Сногијарасим. Во деловите на Јуда и Венијамина свои населби имаа и левитите. Еве ги свештениците и левитите, што дојдоа со Зоровавела, синот Салатиилев, и со Исуса: Сараија, Јеремија, Ездра. Амарија, Малух, Атуј, Сеханија, Реум, Маримот, Адија, Ренатон, Авија, Мијамин, Мадија, Велга, Семија, Јомарса, Идија, Салуј, Амук, Хелкија, Одуија. Тоа се начланиците на свештениците и браќата нивни во дните на Исуса. А левитите: Исус, Матанија, главен при славословијата, тој и браќата негови, и Раквакија и Анај, нивни браќа, кои заедно со нив чуваа стража. Исус го роди Јоакима, Јоаким го роди Елијасива, Елијасив го роди Јодаја, Јодај го роди Јонатана, Јонатан го роди Адуја. Во дните на Јоакима беа свештеници и старешини: од Сераиевиот дом – Мераија, од Јеремиевиот дом Ананија, од Ездровиот дом – Месулам, од Амариевиот дом – Јонатан, од Мелихуевиот дом – Јонатан, од Саваниевиот дом – Јосиф, од Херимовиот дом – Адна, од Мерајотовиот дом – Елкај, од Идовиот дом – Захарија, до Гинетовиот дом – Месулам, од Авиевиот дом – Зехрија, од Мијаминовиот дом и Моадаевиот дом – Фелетиј, ов Валгасовиот дом – самуеј, од Семиевиот дом – Јонатан, од Јоаривовиот дом – Матанај, од Едиевиот дом – Озиј, до Салаивиот дом – Калај, до Амаковиот дом – Авед, од Еликиевиот дом – Асавија, од Једиевиот дом – Натанаил. Левитите, старешините, беа запишани во списокот во дните на Елијасива, Јојада, Јоа, и Јоанана, и исто така и свештениците за царувањето на Дарија персиски. Синовите Левиеви, племенските старешини се запишани во летописот до дните на Јоханана, Елијасивовиот син. Началници на левитете беа: Асавија, Саравија, и Исус, Кадмиловиот син, и браќата нивни, при нив поставени за славословие при благодаренијата, според наредбата на Давида, Божји човек, смена по смена. Матанија, Ваквакија, Авдија, Месулам, Телмон, и Акув беа вратари, кои чуваа стража при вратните прагови. Тие беа во дните на Јоакима, синот на Исуса, Јоседеков син, и во дните на Неемија и на свештеникот Ездра, книжник. Кога требаше да се осветуваат ерусалимските ѕидови, ги повикаа левитете од сите места, и им заповедаа да дојдат во Ерусалим, за да се изврши осветувањето и радосното празнување во славословија и песни, при звукот на кимвали, псалтири и гусли. Се собраа синовите на певците од Ерусалимскиот округ и од селата Нетофатски, и од – Галгал, и од полињата Гевски и Азмаветски, зашто певците си беа изградиле села во околината на Ерусалим. И се очистија свештениците и левитите, го очистија и народот и портите и ѕидовите. Тогаш ги изведов на ѕидот јудејските началници и поставив два големи збора певци, и едниот од нив одеше десно по ѕидот кон Гноишните порти. По нив одеше Осија и половината јудејски началници: Азарија, Ездра, Месулам, Јуда, Венијамин, Семаија и Јеремија; а од синовите свештенички со труби: Захарија, син на Јонатана, син на Семаија, син на Матанија, син на Михеја, син на Закхура, Асафов син, и браќата негови: Самаија, Озиил, Гелол, Маја, Натанаил, Јуда и Ананиј со свирките на Давида, Божјиот човек, и книжникот Ездра пред нив. До Изворните Порти, спроти нив, тие излегоа по степеништата на Давидовиот град, по скалите, што водеа кон ѕидот над Давидовиот дом, до Водните Порти на исток. Другиот збор врвеше наспроти нив, а по него јас и половината од народот, по ѕидот од Кулата кај печката до широкиот ѕид, и од Ефремовите Порти, покрај старите порти и Рибните Порти и кулата Анамеилова, и кулата Емат, кон Овчите Порти, и застанавме при Затворските Порти. Потоа и обата збора застанаа пред Божјиот дом, а и јас и половина начланици со мене, и свештениците: Елијаким, Масеја, Минијамин, Михеј, Елиоенај, Захарија и Ананија со трубите, Масија, Семаија, Елеазар, Озиј, Јоханан, Мелхија, Елеамиј и Језур. А певците пееја високо; водач им беше Језрија. Во тој ден се принесоа големи жртви и се веселеа, зашто Бог им беше дал голема радост. Се радуваа и жените, и децата и веселбата ерусалимска се слушаше надалеку. Во истиот ден беа поставени луѓе над одделите за приноси од првините и десетоците, за да собираат од нивите при градовите делови, поределени со Законот за свештениците и левитите, зашто на Јудејците им беше драго да ги гледаат свештениците и левитите кои стоеја, и вршеа служба на својот Бог и работите околу очистувањето и беа певци и вратари, според наредбата на Давида и синот негов Соломона. Оти уште одамна, во дните на Давида и Асафа, беа установени главни певци, како и песна за Бога, пофални и благодарствени. Сите Израилци во дните на Зоровавела и во дните на Неемија им даваа делови на певците и на вратарите како храна за секој ден, и им даваа посветена на левитите, а левитите им даваа посветена на Ароновите синови. Тој дена читаа од Мојсеевата книга гласно пред народот и најдоа напишано вака: Амонитец и Моавец на смеат да влегуваат во Божјото општество дури до века. Зашто тие не ги пресретнаа синовите на Израилот со леб и вода, а го најмија против него Валаама, за да го проколне; но Бог наш ја претвори клетвата во благослов. Кога го слушнаа тој закон, тие ги одделија од Израилот сѐ она што беше од друго племе. А пред тоа свештеникот Елијасив, поставен над одделите при домот на нашиот Бог, близок роднина на Товија, одреди за него една голема соба, во која пред тоа ставаа лебен принос, ливан и садови, и десеток од житото, виното и елејот, определени со закон за левитите, певците и вратарите, и приносите за свештениците. Кога се случуваше сето тоа, јас не бев во Ерусалим, зашто во текот на триесет и втората година на вавилонскиот цар Артаксеркс бев кај царот и по неколку дена пак се измолив од царот Кога дојдов во Ерусалим и дознав за злото, што го беше направил Елијасив, определувајќи за Товија соба во дворот на Божјиот дом, ми стана многу непријатно, и јас ја исфрлив сета покуќнина на Товија надвор од собата, и реков да ја исчистат собата и порачав пак да ги внесат таму садовите на Божјиот дом, лебниот принос и ливанот. Дознав уште, дека на левитите не им биде давани деловите, и дека левитите и певците, што ја вршеа службата своја, се разбегале секој на нивата своја. Јас ги искарав за тоа началниците и реков: »Зошто го напуштивме Божјиот дом?« И јас ги собрав и ги поставив по местата нивни. И сите Јудејци почнаа одново да принесуваат десеток од житото, виното и зејтинот во одделите. И ги поставив како настојници Селемија, и книжникот Садока, и Федаија од левитите, а при нив и Анана, синот Закхуров, син Матаниев, зашто се сметаа за верни. И таму беше наложено да раздаваат делови на браќата свои. Спомни ме, Боже мој, за тоа, и не ги бриши сесрдните работи мои, што ги напрвив за домот на мојот Бог и за службата при него! Во тие дни видов во Јудеја, дека во сабота гмечат грозје, возат снопја и товараат осли со вино, грозје, смокви и секаков товар и го носат во саботен ден во Ерусалим. И јас ги искарав строго во истиот ден, кога ја продаваа таа храна. И Тирци живееја во Јудеја и довезуваа риба и секаква стока и ја продаваа во сабота на јудејските жители и во Ерусалим. Јас ги искарав првенците Јудејски и им реков: »Зошто вршите такво зло и го осквернувате саботниот ден? Така правеа татковците ваши, та затоа Бог наш ги испрати врз нас и врз овој град сето тоа зло? А вие го зголемувате гневот Негов против Израилот, осквернувајќи ја саботата.« Потоа, штом ќе зајдеше сонцето зад ерусалимските порти, спроти сабота, заповедав да ги затворат вратите и порачував да не ги отвораат до утредента по сабота. А при портите ги поставија своите слуги, и никаков товар да не премине во саботен ден. Така трговците и продавачите на секаква стока ноќеваа еднаш и двапати надвор од Ерусалим. Но јас ги скарав строго и им реков: »Зошто ноќевате до ѕидот? Ако го сторите тоа уште еднаш, ќе ставам рака на вас.« Оттогаш тие не доаѓаа во сабота. И им реков на левитите, да се очистат и да дојдат да чуваат стража при портите, за да го светат саботниот ден. Спомни ме и за тоа, Боже мој, и поштеди ме по големата Своја милост! Во тие денови видов уште Јудејци, што си беа зеле жени азотки, амонитки и моавки; и затоа синовите нивни зборуваа полу азотски, или според јазикот на другите народи, а по јудејски не знаеја да говорат. Јас ги искарав за тоа и ги проколнував, а некои мажи дури и ги тепав, косата им ја кубев и ги заколнував во Бога да не ги даваат ќерките свои за синовите нивни и да не ги земаат ќерките нивни за синовите свои и за себеси. Нели поради тоа, си зборував, грешел и Соломон, царот Израилев? Во многу народи немало таков цар како него. Тој беше љубимец на својот Бог, и Бог го постави за цар над сите Израилци; но, пак, другоземни жени го натераа во грев и него. И можно ли ни е да слушаме за вас, дека го вршите сето тоа големо зло, бидејќи грешите пред нашиот Бог, земајќи другоземни жени? Еден од синовите на Јоада, син на големиот свештеник Елијасив, беше зет на Санвалата Уротинат, Јас го изгонив од себеси. Спомни им, Боже мој, дека тие го осквернија свештенството и заветот свештенички и левитски! Така го очистив од сѐ другоземно и ги установив службите на свештениците и левитите, на секого во неговата работа, и довозот на дрва во определено време и првините. Спомни ме, Боже мој, за мое добро! Имаше еден човек во земјата Уз, по име Јов; тој човек беше непорочен, праведен, богобојазлив и го одбегнуваше злото. И му се родија седум синови и три ќерки. Имотот му беше: седум илјади овци, три илјади камили, петстотини рала волови, петсоттини ослици и мошне многу слуги; и тој човек беше најпрочуен меѓу сите синови на Исток. Синовите негови се собираа и приредуваа гозби секој во домот свој, на својот ден, а ги покануваа и трите свои сестри да јадат и да пијат со нив. Кога завршуваа дните на гозбите, Јов ги повикуваше, та ги советуваше, и станувајќи изутрина рано, принесуваше сепаленици по бројот на сите нив и едно теле за грев на душите нивни. Зашто Јов велеше: можеби синовите мои згрешиле и го навредиле Бога во срцето свое. Така постапуваше Јов во сите такви денови. Еден ден дојдоа синовите Божји за да застанат пред Господа; меѓу нив дојде и сатаната. И му рече Господ на сатаната: »Од каде дојде?« А сатаната му одговори на Господа и рече: »Одев по земјата и ја обиколив.« И Господ му рече на сатаната: »Обрна ли внимание на мојот слуга Јов? Оти на земајта нема таков како него: човек непорочен, праведен, боговојазлив и кој го одбегнува злото.« Му одговори сатаната на Господа и рече: »Зар попусто Јов е богобојазлив? Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и сѐ што има тој? Ти ги благослови делата на рацете негови, стадата негови се шират по земјата; но пружи ја раката Своја и допри се до сѐ што е негово, ќе Те благослови ли тогаш.« И му рече Господ на сатаната: »Еве, сѐ што е негово, е во твоја рака; само врз него не кревај рака?« – И си отиде сатаната од лицето Господово. Еден ден синовите и ќерките на Јова јадеа и пиеја вино во куќата на првородениот брат свој. И ете, доаѓа известувач при Јова и вели: »Воловите ораа и ослиците пасеа покрај нив, кога Савејците нападнаа и ги отераа, а момоците со остар меч ги погубија; избегав само јас за да ти јавам.« Додека уште говореше, дојде друг и вели: »Оган Божји од небото падна, ги изгори овците и момоците и ги голтна; и побегнав само јас, за да ти јавам.« Додека тој говореше, дојде трет па вели: »Халдејците, наредени во три чети, нападнаа на камилите и ги отераа, а момците со остар меч ги погубија; само јас избегав, за да ти јавам.« И додека тој уште говореше, се појави друг и рече: »Синовите и ќерките твои јадеа и пиеја во куќата на првородениот брат свој; ете, дувна силен ветар откај пустињата и ги зафати четирите агли на куќата; куќата се урна врз децата и тие умреа; се спасив само јас, за да ти јавам.« Тогаш Јов стана, ја раскина горната облека, ја острига главата своја и падна на земја, па се поклони и рече: »Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ го зеде; како што му беше угодно на Господа, така и станува. Нека е благословено името Господово!« Во сето тоа Јов не згреши и ништо неразумно не изрече за Бога. Еден ден дојдоа синовите Божји да застанат пред Господа; меѓу нив дојде и сатаната да застане пред Господа. И му рече Господ на сатаната: »Од каде дојде?« Му одговори сатаната на Господа и рече: »Одев по земјата и ја обиколив.« Тогаш му рече Господ на сатаната: »Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема таков како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото, и уште цврсто се држи во својата непорочност, иако ти Ме поттикнуваше, да го погубам без вина.« Му одговори сатаната на Господа и рече: »Кожа за кожа, а за животот свој човек ќе даде и сѐ што има; но ајде пружи рака и допри се до коските негови и плотта негова, – ќе Те благословува ли и тогаш?« И му рече Господ на сатаната: »Ете, тој е во твоја рака; само душата не земај му ја.« Си отиде сатаната од лицето Господово и го порази Јова со лута рана – од стапалките на нозете негови до самото теме негово. И си зеде Јов тогаш цреп за да се чеша со него, и седеше на буништето надвор од градот. И му рече неговата жена: »Зар си уште цврст во добротата своја. Навреди Го Бога и умри!« Но тој ѝ рече: »Говориш како безумна. Зар доброто го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?« – Во сето тоа Јов не згреши со устата своја. Слушнаат тројцата пријатели Јовови за сите тие зла што го беа снашле, па тргнаа секој од своето место: Елифаз од Темна и Вилдад од Сува и Софар од Нам; се состанаа, за да одат да тагуваат заедно со него и да го утешуваат. И кога кренаа очите од далеку, тие не го познаа; па викаа со силен глас, та заплакаа; секој ја раскина својата горна облека и се посипаа со земја врз главите свои. И седеа со него на земјата седум дена и седум ноќи: никој ни збор не му проговори, бидејќи гледаа оти страдањето му беше многу големо. Потоа ја отвори Јов устата своја и го проколна својот ден. Па почна Јов и рече: »Нека е проклет денот, во кој се родив, и ноќта во која рекоа: – се роди дете! Тој ден нека биде темнина; да не го побараше Бог одозгора и да не изгрееше над него светлина! Да го затемнеше темнина и смртна сенка, црн облак да го покриеше, за да се плашат од него, како од врел сончев изгор! Таа ноќ, – темнина да ја опфати, да не се смета меѓу дните на годината, да не влезе во бројот на месеците! О, таа ноќ! Без луѓе да беше; веселба да не влезеше во неа! Нека ја проколнат оние, што го колнат денот, кои се способни да го разбудат левијатанот! Нека потемнат ѕвездите во самракот; да ја чекаше светлината и таа да не дојдеше за да не ги види трепките на зората; зашто не ги затвори дверите на мајчината ми утроба и не ја сокри тагата од очите мои! Зошто не без умрел кога сум се раѓал, и не бев издивнал – кога сум излегувал од утробата? Зошто ме прифатија на колена? Што ми требаше да цицам гради? И сега ќе лежев и ќе почивав; ќе спиев; и ќе ми беше спокојно заедно со царевите и земни советници, кои градеа пустињи за себеси, или со кнезови, што имаа злато и кои ги полнеа домовите со сребро; или, како пометниче закопано, немаше да ме има, како младенците што не виделе светлина. Таму беззакониците престануваат да задаваат страв, таму почиваат изнемоштените. Таму затворениците заедно се насладуваат од спокојство и не ги слушаат викотниците на надзирателот. Мал и голем таму се рамни; робот е слободен од господарот свој. Зошто на бедниците им е дадена светлина, и живот – на душевно огорчените, кои ја очекуваат смртта, а ја нема, што ја бараат повеќе отколку закопана драгоценост, би се радувале до восхит, би се восхитиле, зашто нашле гроб? Зашто му е дадена светлина на човекот, чиј пат е сокриен и кого Бог со мрак го опкружил? Воздишките мои го испреваруваат лебот мој, офкањата мои течат како вода, зашто страшното, од што се ужасував, тоа ме снајде; од што се плашев, тоа ме сполета. Нема за мене мир, нема спокојство, нема утеха; настапи зло.« Одговори Елифаз од Темна и рече: »Ако се обидеме да ти проговориме, нема ли да ти биде тешко? Но кој може да се воздржи да не говори! Ете, ти мнозина си советувал и си поткрепувал изнемоштени раце, твоите зборови го исправале оној што паѓал, си ги поткрепувал раслабените колена. А сега злото дојде до тебе, и ти изнемоште; допре до тебе, и ти падна со духот. Твојата богобојзаливост не треба ли да биде твоја надеж, и непорочноста на твоите патишта – твојата поткрепа? Спомни си, загинал ли некој невин, и кога праведните биле искоренувани? како што сум гледал: оние што ораат нечесност и сеат зло, тоа и го жнеат; од здивот Божји загинуваат и од духот на гневот негов исчезнуваат. Рикањето на лавот и гласот на оној што вика замолчува, а забите на лавчињата се кршат; силниот лав загинува кога нема плен, лавчињата на лавицата се распрснуваат. И, ете, до мене скришно долета збор, и увото мое долови нешто од него. Среде размислувањата за ноќните виденија, кога сонот ги обзема луѓето, мене ме опфаќа страв и трепет и ги растресе сите мои коски. И духот помина над мене; косата ми се крена. Тој застана, – но јас не го видов лицето негово, – само облик беше пред очите мои; тивко веење, и чув глас: ‚Зар човекот е поправеден од Бога? И почист ли и од својот Создател?‘ Ете, Он и на слугите Свои не им верува и во ангелите Свои согледува недостатоци: дотолку повеќе кај оние, што живеат во земјани куќи, чии основи се од прав и кои пропаѓаат и од молец. Меѓу утрото и вечерта тие се растураат; нема ни да забележиш како исчезнале наполно. не загинуваат ли со нив и достоинствата нивни? Тие умираат иако не станале мудри.« »Ајде викај! Има ли кој да ти одговори? Кон кого од светиите мислиш да му се обрнеш? Вистина, гневот го убива глупавиот, раздразнетоста го погубува безумниот. Видов како глупавиот се закоренува, но веднаш проклетството на домот негов падна. Децата негови се далеку од спасение, нив ќе ги бијат кај портите; зашто ќе нема кој да ги заштити. Жетвата негова ќе ја изедат гладните, низ трњето ќе ја извлечат; жедните ќе го голтнат имотот негов. Не, жалоста не излегува од земјата, нити злото изникнува од нивата; човекот се раѓа, за да страда, како и искрите – за да летаат угоре. Но јас би се обрнал кон Бога и делото свое пред Бога би го поставил. Он создава дела големи и неиспитливи, чудни и без број, и дава дожд на земјата и им испраќа вода на полињата; понизените ги издигнува на високо, и натажените ги утешува и ги спасува. Он го урива она што лукавите го градат, рацете нивни не го довршуват започнатото. Он ги фаќа мудрите со нивното лукавство, и замислата на итрите се осуетува; Среде бел ден запаѓаат во темнина; попладне одат со пипање, како ноќе. Он го спасува сиромавиот од меч, од устата нивна и од раката на силниот. И за сиромавиот има надеж, а неправдата сама ја затвора устата своја. Блажен е оној човек кого Бог го вразумува. Затоа не ја отфрлувај казната од Вседржителот, зашто Он нанесува рани и Самиот ги преврзува; Он поразува, и Неговите раце лекуваат. Од шест беди ќе те избави и во седмата зло нема да те стигне. Во време на глад ќе те спаси од смрт, и во војна – од силата на мечот. Од камшикот на јазикот ќе се сокриеш, и нема да се уплашиш од опустошувањето – кога ќе дојде. На опустошувањето и на гладот ќе им се потсмееш, од ѕверовите земни нема да се уплашиш, – зашто си во сојуз со камењата полски, а полските ѕверови се во мир со тебе. Ќе дознаеш дека шаторот ти е во безопасност, ќе си ја гледаш куќата и нема да згрешиш. Ќе видиш, оти семето ти е многубројно, дека филизите твои се како трева на земјата. Ќе легнеш во гроб кога ќе стигнеш до зрелост, како што се редат житните снопја. Ете, тоа сме го испитале: вистината е жива; затоа чуј го сето ова и запомни го добро.« Одговори Јов и рече: »О, да беа точно измерени маките мои, и заедно со нив да го бев ставил на терезија страдањето мое! Тие навистина би биле потешки од морскиот песок! Затоа зборовите ми се жестоки. Стрелите на Вседржителот се во моето тело; духот мој го пие отровот нивни; ужасите Божји се управија против мене. Рика ли див осел при трева? Мука ли бик над крмата своја? Се јаде ли блуткавото без сол и има ли вкус белката од јајцето? До она до кое душата моја не сакаше да се допре, тоа ми е сега храна во болеста. О, да се беше остварела желбата моја, и Бог да го исполнеше очекувањето мое! О, да сакаше Бог да ме сотре, да ме млатнеше со раката Своја и да ме истребеше! Тоа би ми била вистинска утеха, иако горам од мојата безмилосна болест, бидејќи не се откажав од зборовите на Светиот. Колку ми е силата, та да се надевам на себе самиот? И каков е крајот, та да го продолжувам животот мој? Камена сила ли е силата моја? И од бакар ли е телото мое? Има ли во мене помош за мене, има ли за мене некоја поткрепа? Кој одбива милост кон ближниот свој – ако тој не престанал да се бои од Севишниот Бог. Но моите браќа ме напуштија, како безводни потоци и како бранови ме одминаа Како снег и мраз што се топат од толина и не се познава што имало. Во време сушно тие намалуваат, а во време на жеги исчезнуваат од местата свои. Го менуваат правецот на патиштата свои, навлегуваат во пустињата и се губат; погледнуваат кон нив патниците од Темна, им се надеваат на оние што одеа во Сева, но остануваат посрамени во својата надеж: одат таму и црвенеат од срам. Така сте и вие сега спрема мене: видовте страотија и се исплашивте. Ви рекова ли: дајте ми, или подајте ми нешто од вашиот вишок; избавете ме од раката душманска, откупете ме од раката на мачителите? Научете ме, и јас ќе замолчам, покажете ми во што сум згрешил. Колку се силни искрените зборови! Но што кажуваат вашите прекори? Мислите ли зборовите мои да ги изобличите? Во ветар ги фрлате зборовите ваши? Го напаѓате сиромавиот и му копате јама на пријателот свој. Но, ве молам, погледнете ме: зборувам ли лага пред вашето лице? Разгледајте по правда? – јас сум исправен. Има ли во јазикот мој неправда? Зар грлото мое не може да го разликува лошото?« »Не ли е испит земниот живот за човекот? Дните негови не се ли како дни на наемник? Како што слугата копнее за сенка, и како што наемникот го чека крајот на работата своја, така и јас добив наследство суетни месеци; тажните ноќи ми се избројани. Легнувајќи, си мислам: кога ли ќе станам? А кога станувам се прашувам: како ќе ја дочекам вечерта? Се измачувам од вечерта до утрото. Телото ми е покриено со црви и прашливи наслаги; кожата ми се распукнува и гнои; дните ми летаа побрзо од совалка и исчезнуваат без надеж. Спомни си, дека животот мој е ветар, дека окото мое нема веќе добро да види. Нема да ме види окото на оној што ме видел; Твоите очи се на мене, – а мене ме нема, како кога облак се проретчува и исчезнува, така слезениот во гроб нема да излезе; нема повеќе да се врати во куќата своја; ни местото негово нема веќе да го познае. Затоа нема да ја воздржувам устата своја; ќе говорам иако сум тажен во духот свој, ќе се поплакувам во горчината на душата своја. Зар сум море или морско чудовиште, та си поставил стража над мене? Кога ќе си помислам: ‚Моето легло ќе ме утеши; мојата постела ќе ја однесе тагата моја.‘ Ти ме плашиш со соништата и со привиденија ме ужасуваш; Затоа душата моја сака повеќе да се прекине дишењето, подобро смрт; смртта ми е помила од моите маки. Ми омрзна животот: Нема вечно да живеам. Оддалечи се од мене, дните мои се само суета. Што е човекот, та толку си го издигнал? И такво внимание му обрнуваш? Зошто го посетуваш секое утро? Зошто го искушуваш секој миг? Кога ќе ме оставиш? Кога ќе си одиш од мене? Кога ќе ми дозволиш плунката своја јас да ја голтнам? Ако сум згрешил, што да правам, о Чуваре над луѓето? Зошто го стави Својот знак на мене, па да сум Ти на товар? Зар престапот мој не можеш да го поднесеш? Зар не можеш да го презреш беззаконието мое? Зашто, ете, уште малку ќе мине и во прав ќе легнам; утре ќе ме побараш, а нема да ме има.« Тогаш одговори Вилдад од Сува и рече: »До кога ли ќе говориш така? И зборовите од устата твоја да се бурен ветар! Зар Бог суди криво? Може ли Седржителот да ја изопачи правдата? Ако твоите синови пред Него згрешиле, затоа и ги предал на нивното беззаконие. Но ако со срце Го побараш Бога и Му се помолиш за милост на Вседржителот, и ако си чист и праведен, Он уште сега ќе ја услиши молитвата Твоја; и ќе го обнови животот твој како на праведник. И ако порано си имал малку, после ќе имаш повеќе. Запрашај ги поранешните поколенија и вникни во мудроста на нивните татковци; ние сме вчерашни и ништо не знаеме, нашите дни се како сенка на земјата. Зар тие нема да те научат, зар тие нема од срцето свое да кажуваат зборови: никнува ли шевар без влага? Расте ли трска без вода? Додека е уште зелена и додека непресечена, таа се суши пред секоја трева. Такви се патиштата на сите, што го забораваат Бога; така пропаѓа надежта на безбожниот; надежта му е тенка нишка, вербата негова – мрежа пајакова. Ако се потпре на куќата своја, нема да устои; ќе се фати ли за неа, нема да додржи. Се зеленее тој, на сонцето вирее, неговите фиданки градината ја прекриваат, во грамада од камења се вплетуваат корењата негови, живот црпи од живиот камен. Но кога ќе го искорнат од местото негово, тоа ќе се откаже и ќе рече: не сум те познавало! Ете ја радоста на неговито пат! А од земјата никнуваат растенија други. Не, Бог не ги отфрла непорочните и не ја поддржува раката на беззакониците. Со смеа ќе ја наполни устата твоја, и усните твои – со радосни извици. Оние што те мразат, со срам ќе се покријат, шаторот на нечесните ќе исчезне.« На тоа одговори Јов и рече: »Навистина знам, дека е тоа така; но како ќе се оправда човек пред Бога? Ако сака да влезе во расправија со Него, нема да Му одговори ни на едно од илјада. Он е мудар по срце и моќен по сила; кој станувал против Него и останувал во спокојство? Он ги преместува планините, а тие тоа не го знаат: ги превртува во гневот Свој; ја поместува земјата од местото нејзино, и столбовите ѝ треперат; ќе му каже на сонцето, – и тоа не изгрева, и на ѕвездите им става печат. Он Сам ги распнува небесата и оди по морската површина; Он ги создал Мечката, Орионот и Плејадата и ѕвездите на јужното небо; врши големи дела, неиспитливи и чудесни, и безбројни се Неговите чуда. Ете, Он оди пред мене, и јас не можам да Го видам; Он минува, а јас не Го забележувам. Земе ли нешто, кој ќе Му забрани? Кој смее да Го праша: што правиш? Бог нема да го отстрани гневот Свој; пред Него ќе паднат приврзаниците на гордоста. Ако ме услиши и ги оцени зборовите мои, дури и да сум прав, нема да одговарам, туку Судијата мој за милост ќе Го молам. И кога на гласот мој би се одзвал, немаше да поверувам дека ги чул зборовите мои Оној, Кој во виор ме поразува и без вина ги умножува раните мои; не ми дава да здивнам, а со горчила ме исполнува. Ако станува збор за сила, Он е најсилниот; кој ќе се спротивстави на Неговиот суд? Ако почнам да се оправдувам, самата уста ќе ме обвини; ако сум невин, Он ќе ме прогласи за виновен. А дали сум невин, и јас самиот веќе не знам, животот свој го презирам. Сеедно е: затоа реков: дека Он го погубува и непорочниот и виновниот; ако лукавите гинат со лута смрт, тогаш со невините се подбиваат. Земјата е препуштена во рацете на нечестивите. Он им ги покрива очите на нејзините судии. Ако Он не е, тогаш Кој е? Но дните мои беа побрзи од гласникот, – далеку побегнаа, не видоа никаде добро; летаат како лесни летала, како орел, што се спушта врз плен. Ако речам: ‚Ќе ги заборавам тагите свои, ќе го отстранам својот мрачен изглед и ќе закрепнам,‘ од сите мои маки ужас ме опфаќа, зашто, знам дека нема да ме оправдаш. Ако сум, пак, виновен, зошто тогаш залудо се измачувам? Да се измиев со снежна вода и сосема да ги исчистев рацете свои, и тогаш Ти ќе ме турнеше во тиња, па ќе се згнасеа од мене и алиштата мои. Зашто Он не е човек, како што сум јас, та да можам да Му одговорам и да отидам заедно со Него на суд! Меѓу нас нема посредник, што би ја ставил раката своја меѓу двајцата. Нека го тргне Он од мене жезалот Свој, и стравот Негов да не ме застрашува, тогаш ќе зборувам и нема да се плашам од Него, бидејќи вака не знам за себе.« и дотегна на душата моја мојот живот; ќе се предадам на тагата своја; ќе говорам со горчината на душата своја. Ќе му речам на Господа: »Не ме обвинувај; кажи ми зошто се бориш со мене? Мило ли тие е да ме измачуваш, да го презираш делото на рацете Свои, а намерите на нечесните да ги помагаш? Зар имаш телесни очи? Гледаш ли како што гледа човек? Зар Твоите дни се како дните на смртните, или Твоите години се како дните на човек, та бараш порок во мене и бараш грев во мене, макар што добро знаеш дека сум невин и дека нема кој да ме спаси од раката Твоја? Твоите раце ме создале и ме оформиле, и Ти сега од сите страни ме поништуваш? Сети се дека како глина си ме замешал, та пак ли во прав ќе ме претвориш? Нели Ти ме излеа како млеко, и ме згусти како сирење? Со кожа и плот ме облече, со коски и жили ме стегна, живот и милост ми дарува, и Твојат грижа го чуваше духот мој? Но и тоа во срцето Свое го криеше, знам дека тоа е во Тебе, дека, ако згрешам, Ти ќе забележиш и нема да го оставиш гревот мој без казна. Ако сум виновен, тешко ми мене! Ако сум прав, не ќе смеам да кренам глава. Од срам сум скршен, гледајќи ја маката своја. Ако се исправам, како лав ме гониш, силата Своја на мене ја покажуваш со чудеса. Обвинувања нови подигаш против мене; го засилуваш гневот Свој против мене; со нови сили се креваш против мене. И зошто ме изведе од утробата? Да бев умрел кога ничие око уште не ме беше видело; о, да бев пренесен од утробата во гроб, како да ме немало! Нели се малку деновите мои? Остави ме уште малку да се радувам, пред да појдам на пат без враќање – во земјата на темнината и смртната сенка, во земјата на густата темнина, каде што нема уредба, каде што светлината е слична на најцрната ноќ.« Потоа проговори Софар од Нам и рече: »Зар на многу зборови не може да се даде одговор, и зар многузборливиот човек е прав? Твоето празнословие ќе ги натера ли луѓето да молчат, за да се потсмевнуваш ти, та да нема кој да те засрами? Ти рече: расудувањето ми е правилно, и јас сум чист во Твоите очи. О, да проговореше Бог, да ја отвореше устата Своја кон тебе и да ти ги откриеше тајните на мудроста, дека тебе ти се паѓа двојно повеќе да понесеш! И така, знај, оти Бог за тебе предаде на заборав некои од твоите беззаконија. Можеш ли во длабочините Божји да проникнеш? Можеш ли да го достигнеш совршенството на Вседржителот? Он е повисок од небесата, – што можеш да направиш? Подлабок е од пеколот, – што можеш да дознаеш? Подолга од земјата е мерката Негова и поширока од морето. Ако преиначи и затвори некого во окови и го изведе на суд, кој ќе Му забрани. Зашто Он ги знае оние што лажат и го гледа беззаконието; ќе го остави ли без презир? Но и суетниот човек се опаметува; дивото осле на узда се покорува. Ако го насочиш срцето свое и ги подадеш рацете кон Него, ако порокот од раката своја го отфрлиш и не дозволиш беззаконие да престојува во твоите шатори, тогаш ќе го кренеш неизвалканото лице свое, ќе бидеш цврст и нема да се плашиш. Тогаш ќе ја заборавиш тагата: како за истечена вода ќе се сеќаваш за нив. И животот твој ќе почне појасно од пладне; како утро ќе светнеш. Во надежта своја ќе бидеш спокоен, ограден, ќе почиваш во мир. Ќе легнеш и не ќе има кој да те заплашува; мнозина ќе ти се умилкуваат. А очите на беззакониците ќе изгаснат, прибежиштето нивно ќе пропадне, а надежта нивна ќе биде исчезнувањето.« Пак одговори Јов и рече: »Само вие ли сте луѓе, и со вас ли ќе исчезне мудроста! И јас знам да мислам како вас; и во ништо не сум подолен од вас; и кој не го знае истото тоа? за потсмев станав јас на пријателот свој, јас што го повикував Бога, и Кој ми одговараше, – за потсмев е – праведниот и непорочниот човек. Несреќниот треба да се презира – тие мислат, да се удира по оној, чии нозе се сопнуваат. Спокојни се шаторите на крадците и безопасни на оние што Го гневат Бога, ним Бог им дава сѐ. Но, прашај го добитокот, и ќе те научи; запрашај ја небеската птица, и ќе ти објасни. Гуштерите ќе те поучат, ќе ти кажат и морските риби. Кое од сите созданије не знае, дека раката на Господа го создала? Но Неговата рака е душата на сѐ што е живо и духот на секоја човечка плот. Нели увото ги разбира зборовите, и нели јазикот го распознава вкусот на храната? Кај старците има мудрост, а кај долговечните – разум. Но во Него има мудрост и сила, Негови се решението и разумот. Она што Он ќе разурне, нема да се изгради: кого Он ќе заговори, нема да се ослободи. Да ги запре водите, и сѐ ќе се исуши; да ги пушти, и земјата ќе ја разрушат. Во Него е силата и сета мудрост, пред Него е оној, што е заблуден, и оној што воведува во заблуда. Он ги приведува советниците во необмисленот и ги прави судиите безумни. Он ги лушува царевите од власт и го врзува со јаже крстот нивни; на кнезовите им го одзема достоинството и силните ги кутнува; им го одзема јазикот на гордите и ги лишува од разум старците; ги покрива со срам славните и јас ослабнува силата на моќните: ја открива темнината во длабините и ја вади на видело смртната сенка; ги издигнува народите и ги истребува; ги распрснува и ги собира; им го одзема умот на кнезовите земни и ги упатува на безпатна пустиња: со пипање одат тие по темнина, без светило, и скитаа како пијани. Ете, сето тоа окото мое го виде, увото мое го чу и го забележав за себеси. Колку што знаете вие, знам и јас; не сум подолу од вас. Но јас кон Вседржителот би сакал да говорам, би сакал со Бога да се соочам. А вие сте ковачи на лаги; сите вие сте бескорисни лекари. О, само да бевте молчеле! Тоа би ви се сметало за мудрост. Ислушајте ги моите расудувања и проникнете во изразот на устата моја. Требаше ли да говорите заради Бога неправда и заради Него да говорите лага? Требаше ли да бидете лицепријатни кон Него и за Бога така да се препирате? Добри ли ќе биде, Он да ве испитува? Ќе Го измамите ли како што го измамуваат човекот? Он строго ќе ве казни, иако скришно лицемерите. Зар големината Негова не ве плаши, и страв од Него не ве обзема ли? Вашите забелешки прилегаат на пепел; вашата одбрана е глинена ограда. Молкнете пред мене, а јас ќе говорам, што и да ме снајде. Зар јас самиот да си го раскинувам со забите телото свое? И душата своја да си ја ставам в рака? Ете, Он може да ме убие, но јас ќе се надевам; би сакал само однесувањето мое пред лицето Негово да го оправдам. И тоа ми е веќе за спасение, бидејќи безбожник нема да се јави пред лицето Негово. Ислушајте ги внимателно зборивите мои и објасненијата мои со ушите ваши. Ете, започнав судска постапка; знам дека ќе бидам прав. Кој има сила да ме надвие? Потоа ќе молкнам и ќе го испуштам духот. Само две работи не прави со мене, и тогаш јас нема да се кријам од Твоето лице; тргни ја од мене раката Своја, и Твојот ужас да не ме потресува. Тогаш прашувај ме, и јас ќе одговарам; или јас да прашувам, а Ти да одговараш. Колку се пороците и гревовите мои? Покажи ми го беззаконието мое и гревот мој. Зошто го криеш сега лицето Свое од мене и ме сметаш за Твој непријател? Зошто со страв го мачиш од ветрот скинатиот лист, зошто ја гониш сувата сламка? Зошто пишуваш против мене горчливи пресуди и ми ги сметаш гревовите на младоста моја, ги тураш во клада нозете мои и ги демнеш сите мои патишта, – ги испитуваш трагите на нозете мои? Животот мој како изгниено дрво се распаѓа, како облека од молци изедена.« »Роден од жена, човекот е кратковечен и презаситен од неволји: како цвеќе никнува и бргу овенува; како сенка бега и не се запира. И врз него ли ги отвораш Ти очите Свои, и пред Себе на суд го водиш? Кој ќе се роди чист од нечист? Ниеден. Па кога дните му се определени, кога бројот на месеците од Тебе зависи, ако си му определил меѓа, преку која не може да мине, тогаш оддалечи се од него: нека си здивне додека како наемник не го заврши денот свој. За дрвото сепак има надеж, дека тоа, макар и да биде пресечено, пак ќе оживее, фиданки од него непрестајно избиваат, макар и да е остарен коренот негов во земјата, и пенушката да му замрела во прав, но, штом ќе осети вода, тоа дава младици и пушта фиданки, како да е одново посадено. А човекот умира и истлејува; си оди, и каде е тој? Истечуваат водите од морето, и реката секнува и пресушува: така човекот ќе легне и нема да стане; до свршетокот на небото нема да се разбуди и нема да се разбуди од својот сон. О, да беше ме сокрил и криел во пеколот, додека да мине гневот Твој, да беше ми одредил рок и после да си спомнеше за мене! Кога ќе умре човек ќе живее ли пак? Во сите денови на одреденото време би чекал додека ми дојде смената. Ти би викнал, и јас би Ти дал одговор, и Ти би покажал благоволение кон созданието на Твоите раце; а сега ги броиш стапките мои и го демнеш секој мој грев; во свиок го запечати беззаконието мое, и секоја вина моја ја запиша. Но планината паѓајќи се руши, и карпата се поместува од местото свое; водата ги излижува камењата; сливот го одвлекува земниот прав: така ја унишутваш Ти и надежта на човекот. Го притискаш докрај, и тој заминува; го менуваш лицето негово и го испраќаш. На почит ли се децата негови – тој не знае; унижени ли се – тој не забележува; но плотта на него боледува, и душата во него страда.« Проговори Елифаз од Темна и рече: »Ќе одговара ли мудриот со празни знаења и ќе го полни ли стомакот свој со врел ветар? Ќе се оправдува ли со бескорисни зборови, и со зборови, што немаат никаква сила? Ти пак го заборави стравот од Бога; пред Неговото лице ти трепет немаш. Твоите зборови вината Твоја ја покажуваат, се служиш со јазикот на лукавите. Тебе те обвинува устата твоја, а не јас; јазикот твој говори против тебе. Зар ти си првиот роден од човек и пред ридовите ли си создаден? Зарем си ги слушал тајните Божји и за сѐ мудрост си придобил? Што знаеш ти, што ние не го знаеме? Што разбираш ти, а што го нема и во нас? Меѓу нас има и седокоси, и старци, коишто според деновите го надминуваат татко ти. Зар се за тебе малку Божјите утехи? И Неговите благи зборови? Кон што те соблазнува срцето твое, кон што така гордо гледаш? Зошто го устремуваш против Бога духот свој и со устата своја изнесуваш такви зборови? Што е човек, та да биде чист и родениот од жена да биде праведен? Ете, Он и на светите Свои не се доверува, и небесата се нечисти во Неговите очи: толку повеќе е нечист и разтлеен човекот, којшто го пие беззаконието како вода. Јас ќе ти говорам, слушај ме; ќе ти раскажам она што сум видел, што го слушале мудрите и не го сокриле слушнатото од татковците свои, на кои им била дадена оваа земја, каде туѓинец никогаш не стапнал. Нечесниот се мачи себеси преку сите свои денови, годините му се одброени на потисникот; звук од ужас секогаш е во ушите негови; додека мирува, погубникот налетува на него. Не се надева да се спаси од темнината; пред себеси гледа меч. За парче леб скита постојано; знае дека е сосема близу денот на неговата смрт. Го плаши нуждата и теснотијата; го надвива; како цар, готов за бој, затоа што кревал рака против Бога и Му се противел на Вседржителот, се спуштал против Него со гордост, зад дебелите свои штитови; затоа што го покрил лицето со маста своја и ги здебелил бедрата свои. И тој се населува во разурнати градови, во куќи, каде што не се живее; и што приготвил за себе други ќе однесат. Тој нема да се збогати, и имотот негов нема да напредува; ниту поседот негов ќе се рашири по земјата. Нема да избега од темнината; пламен ќе ги исуши ветките негови, и со дување пламен од уста ќе изчезне. Заблудениот нека не ѝ се доверува на суетата, затоа што суетата ќе биде и платата негова. Тој предвреме ќе умре, и ветките негови никогаш нема да се зеленеат. Ќе го фрли тој како лоза неузреаното грозје свое, како маслинка ќе го истресе цветот свој. Така ќе опустее домот на нечестивиот, и оган ќе ги голтне шаторите на поткупништвото. Тој зачна зло и роди лага, во утробата негова подготвува измама.« Одговори Јов и рече: »Јас сум слушал многу такви работи; немили утешители сте сите вие! Ќе имаат ли крај празните зборови? И што те поттикнало да ми говориш така? И јас можев да зборува исто како вас, ако вашата душа беше на местото на мојата душа; би се противставувал со зборови против вас и би кимнувал со главата против вас; би ве поткрепувал со јазикот свој и со движењето на усните свои би ве утешувал. Ако говорам, скрбта моја не се сталожува; ако замолчам, зар ќе ми одмине? Но сега Ти ме изнемошти. Ти ми ја растури мојата челад. Ти ме покри со брчки, за сведоштво против мене; мојата изнуреност се крева против мене, в лице ме прекорува. Гневот негов се измачува и непријателствува против мене, ми скрца со забите; непријателот ги впива очите во мене. Ја отвориле устата против мене; навредувајќи ме удираат по усните; сите направиле заговор против мене. Бог ме предаде на беззаконите и ме предаде во рацете на нечестивите. Си бев спокоен, но Тој ме потресе; ме фати за вратот, ме затересе и ме постави за цел на Себеси. Ме опколија стрелците Негови; Тој ги раскинува моите внатрешнини, без да ме штеди, ја пролева на земјата жолчката моја, пробива во мене рана до рана, трча против мене како бесен борец. Вреќиште сошив на кожата моја и во прав ја турив главата своја. Лицето мое поцрвене од плачење, и на клепките имам смртна сенка, Во рацете мои нема крадено, и молитвата моја секогаш била чиста. Земјо! Не криј ја крвта моја, та за мојот повик да нема место. И сега, ете, на небото сведок имам, Застапникот ми е во висините! Нека ја прими молитвата моја Господ и нека солзи окото мое пред Него. О, да можеше човек да се бори со Бога, како синот човечки со својот ближен! Зашто крајот на годините мои ми доаѓа; на пат без враќање треба да појдам.« »Дишењето ми ослабна; дните мои гаснат; гробишта има пред мене. Да не беше нивниот потсмев, тогаш и покрај нивните приговори окото мое ќе беше спокојно. Заштити ме, заложи се Сам за мене пред Себе! Инаку, кој ќе се заложи за мене? Зашто Ти го затвори срцето нивно за да не можат да разбираат, и затоа нема да им дозволиш да ликуваат. Кој им го дели на пријателите свои имотот свој, на неговите деца очите им истечуваат. Он ме прави приказ кај луѓето и секој може в лице да ми плукне. Окото мое од тага ми потемне, а рацете и нозете од слабост ми треперат. Праведните ќе се зачудат на тоа и невините ќе негодуваат против беззакониците. Но праведникот ќе се држи цврсто за својот пат, и чистиот во рацете сѐ повеќе и повеќе ќе се зацврстува. Вратете се сите вие и одете си; нема да најдам мудар меѓу вас. Дните мои изминаа; мислите мои – тежина на срцето мое – се разбиени. Во ноќта најцрна нов ден се приближува, се приближува светлината што темнината ја гони. А мојата надеж е да појдам во гроб и таму во темнина да ја постелам постелата своја; на гробот ќе му речам: ти си ми татко, а на црвот – ти си мајка и сестра. Каде е надежта моја? И кој некогаш ќе го види доброто што го очекувам? Ќе слезе таа во пеколот и заедно во правот ќе почива со мене.« Проговори Вилдад од Сува и рече: »Кога најпосле ќе им ставиш крај на таквите зборови? Размисли се, па потоа да зборуваме. Зошто нѐ сметаш за неразумни животни! Зар сме животни во твоите очи? О ти, кој во гневот свој, ја раскинуваш душата своја! Зарем заради тебе да запустее земјата и карпата да се крене од своето место? Да, светлината кај беззаконикот ќе згасне, и искрата од огнот негов нема да остане. Светлината ќе потемнее во шаторот негов, светилото негово ќе згасне над него. Стапките не силата негова ќе ослабеат, сопствената мисла ќе го отфрли, зашто ќе падне во стапица со нозете свои, и по мрежи ќе оди. Стапицата ќе ја фати ногата негова и грабач ќе го улови. Скришно се поставени за него стапици на патот, по кој оди. Ужаси од секаде го демнат и тој се метка наваму – натаму. Од глад се истоштува силата негова, смртта е готова, близу е до него. Ќе ги испојаде деловите на телото негово, ќе ги испојаде жилите негови првенецот на смртта. Од шаторот негов ќе се искорне неговата надеж; и тоа ќе го одведе при царот на ужасите. Ќе се населат во шаторот негов, бидејќи тој веќе не е негов: живеалиштето негово ќе биде посипано со сулфур. Одоздола се сушат корените негови, одозгора ќе овенат ветките негови. Споменот за него ќе изчезне од земјата, на плоштадот ќе го нема името негово. Ќе го изгонат од светлина во темнина и ќе го избришат од лицето на земјата. Ни син негов, ни внук нема да има во народот негов: никој нема да остане во живеалиштата негови. За денот негов ќе се ужасат потомците, а современиците ќе бидат обземени од трепет. Такви се живеалиштата на беззаконикот, и такво е местото на оној, кој не знае за Бога.« На тоа одговори Јов и рече: »До кога ќе ја мачите душата моја? До кога ќе ме измачувате со зборови? Ете, веќе десетпати ме посрамувате, и не ли ви е срам да ме измачувате? Ако сум и навистина згрешил, грешката моја останува за мене. Ако, пак, сакате да се големеете над мене и да ме прекорувате со мојот срам, знајте, дека Бог ме собори и со мрежата Своја ме обвитка. Ете, јас викам: – неправда! – и никој не слуша; врескам, и суд нема. Он ми го загради патот, и не можам да минам, и врз патеките ми спушти мрак. Ја соблече од мене славата моја и го симна венецот од главата моја. Од сите страни ме сосипува, и јас одам, и како дрво Он ја истргнува надежта моја. Го разгори гневот Свој против мене и ме вбројува меѓу Своите непријатели. Војските Негови дојдоа заедно, се упатија кон мене и се сместија околу шаторот мој. Браќата мои Он ги оддалечи од мене; и оние, што ме познаваат, се отстрануваат од мене. Ме напуштија блиските мои, ме заборавија познатите мои. Оние што најдоа поткрепа во куќата моја и слугите и слугинките мои ме сметаат за туѓ; надворешен станав во нивните очи. Го викам слугата свој, и тој не се одѕива; со устата своја треба да го молам. Воздишката моја ѝ дотежна на жената моја, и треба да ја молам заради децата на утробата нејзина. Дури и малите деца ме презираат; кога станам тие се подигруваат со мене. Од мене се гнасат моите најверни пријатели, и оние, што ги сакав, – се свртија против мене. Коските ми се залепија за кожата моја и телото мое, и јас останав со кожа само околу забите мои. Смилувајте се, смилувајте се над мене, пријатели мои, – зашто раката Божја се допре до мене. Зошто ме гоните и вие како Бог, и со телото мое не можете да се наситите! О, да беа зборовите мои напишани! да беа ставени на книга! Со железно длето и со олово, – да беа на вечни времиња врз камен издлабени! Но јас знам, Искупителот мој е жив, и Он во последниот ден ќе ја крене мојата гнилежна кожа. И јас во телото мое ќе го видам Бога. Јас сам ќе го видам; моите очи, не очите на друг, ќе Го видат. Срцето ми се топи во градите мои! Вам ви се паѓаше да кажете: – зошто го гониме! – Како да е коренот на злото најден во мене. Плашете со од мечот, зашто мечот се одмаздува за неправда, а знајте дека има и суд.« Проговори Софар и рече: »Размислувањата мои ме поттикнуваат да одговарам, брзам да ги искажам. Срамен прекор чув за мене, но духот на мојот разум ќе одговори за мене. Зар не знаеш ти дека е тоа од памтивека, – откога е човекот поставен на земјата, дека славата на беззакониците е краткотрајна, и радоста на лицемерниот е за миг? И до небесата да се издигне величието негово, и до облаците да се допира главата негова, – тој засекогаш ќе пропадне, како и гадотиите негови; оние што го виделе, ќе кажат: – каде е тој? Како сон ќе одлета, и нема да го најдат; како ноќно привидение ќе исчезне. Кое око го видело, повеќе нема да го види, и местото негово повеќе нема да го зебележи. Синовите негови ќе им се умилкуваат на сиромасите, и рацете негови ќе го вратат она што го ограбил Коските негови се полни со гревови на младините негови, со него ќе легнат тие во земјата. Ако злото е слатко во устата негова, и тој го крие од јазикот свој, го чува и не го фрла, туку го држи во устата своја, – сепак таа храна во утробата негова, внатре во него, ќе се претвори во змиски отров. Ќе го изблуе доброто што го голтнал: Бог ќе го исфрли од стомакот негов. Змиски отров ќе смука тој; јазикот на змијата ќе го умртви. Нема да види потоци и реки од мед и млеко. Спечаленото со труд ќе го врати, нема да го изеде; според имотот негов ќе стане и плаќањето негово; и тој нема да се зарадува. Зашто јадеше и ги напаѓаше сиромасите; заграбуваше куќи што не ги беше градел; не знаеше ситост во стомакот свој, и во жедта своја ништо не штедеше. Ништо не се откинуваше од лакомоста негова, затоа и радоста негова нема долго да потрае. При полно изобиле, тесно ќе му биде; рацете на сиромасите ќе се кренат врз него. Кога има со што да го наполни стомакот негов, Тој ќе ја примени врз нега јароста на Својот гнев и ќе истури како дожд врз него болести во телото негово. Ќе избега ли од железното оружје, – бакарен лак ќе го прободе. Пуштената стрела ќе мине низ телото негово, ќе излезе со својот болскав врв низ жолчката негова; ужасите на смртта ќе се нафрлуваат врз него! Сѐ што е мачно и сокриено во него, ќе го гори оган, од никого не раздуван; зло ќе ги снајде и другите во шаторот негов. Небото ќе го открие беззаконието негово, а и земајта ќе се крене против него. Ќе исчезне богатството на куќата негова; сѐ ќе се растури во денот на гневот Божји. Тоа е делот од бога за беззакониот човек и наследство, определено за него од Вседржителот!« Одговори Јов и рече: »Ислушајте го внимателно зборот мој; тоа ќе ми биде утеха од вас. Потрпете ме, и јас ќе говорам; а потоа, откако ќе се искажам, потсмевајте се. Зар на човек се оплакувам јас? Па како да не биде жалосен духот мој? Погледајте ме и ужаснете се, и ставете прст на устата своја. Само кога ќе помислам, – истрпнувам, и трепет го обзема телото мое. Зошто беззакониците живеат, достигнуваат старост, и собираат богатство? Децата нивни се со нив пред лицето нивно, и внуците им се пред очите нивни. Куќите им се во мир и без страв, и жезалот Божји не е врз нив. Бикот нивни оплодува и не пропушта, кравата нивна зачнува и не пометнува. Ги пуштаат малите свои како стадо, и децата нивни скокаат. Подвикнуваат при тимпани и гусли и се веселат со свирки; ги поминуваат деновите во добро и во еден миг слегнуваат во гроб. А меѓутоа, Му велат на Бога: – ‚Отстрани се од нас, не сакаме да знаеме за Твоите патишта! Што е Вседржителот, та да му служиме? И каква полза има да прибегнуваме кон Него?‘ Гледаш, доброто нивно не е од нивните раце. – Но далеку е од мене советот на нечестивите! Често згаснува светилката кај беззакониците и ги сполетува зло, а Он во гневот Свој ги дарува со страдања? Тие треба да бидат како сламка пред ветар и како плева, завеана од виор. Ќе речеш: ‚Бог го чува злото негово за неговите деца. – Нека му воздаде Он на него самиот, за да го знае тој тоа.‘ Нека очите негови го видат злото негово; и сам нека пие од гневот на Вседржителот. Зашто, што му е грижа за домот негов, кога бројот на месеците негови ќе се сврши? Но Бога ли ќе Го учиме на мудрост кога им суди на горните? Еден умира во најголема сила своја, сосема спокоен и мирен; внатрешнината му е полна со маст, и коските му се напоени со мозок. Друг, пак, умира со огорчена душа, без да вкуси добро. И еден до друг лежат во земјата и црви ги покриваат. Ги знам вашите мисли и судови, што ги кроите против мене. Вие велите: ‚каде е кнезовиот дом, каде е шаторот, во кој живеат беззакониците?‘ Зар не сте ги распрашувале патниците и не сте запознаени ли со нивните забележувања, дека во денот на смртта безбожникот бива поштеден; во денот на гневот се одведува настрана? Кој ќе му го прекори пред лицето негово неговиот пат, и кој ќе му врати за она што го вршел тој? Го спроведуваат до гробиштата и во гробот свој останува тој. Лесни се за него земјените грутки; по него одат многу луѓе, а оние што отишле пред него број немаат. Како тогаш сакате да ме утешите со суета? Во одговорите ваши останува само измама.« Проговори тогаш Елифаз од Темна и рече: »Зар човек може да му биде користен на Бога? Човекот сам за себеси е мудар. Се радува ли Вседржителот затоа што си праведен? И ќе има ли корист за Него, затоа што ги држиш непорочни патиштата Негови? Зар Он, плашејќи се од тебе, ќе влезе во борба со тебе, ќе појде ли да се суди со тебе? Навистина, твојата злоба е голема, и беззаконијата твои крај немаат. Навистина, ти земаше залог од браќата свои за ништо и на полуголи им ги соблекуваше алиштата нивни. На измачен од жед не му даваше вода, да се напие, а на гладен леб му откажуваше; а на силен човек му даваше земја, и повидниот се населуваше на неа. Вдовиците ги испраќаше без ништо, и сираците ги оставаше со празни раце. Затоа околу тебе има стапици, и неочекуваниот ужас те збунува. Темнина е околу тебе, во која ништо не гледаш и голема вода те покрива. Бог не ли е повисоко од небесата? Погледај ги горе ѕвездите, колку се високо тие! И ти велиш: ‚што знае Бог?‘ Може ли Он да суди во мрак? Облаците се Негови завеса, така што не гледа, туку само оди по небесниот кург. Зар ти не одиш по патот на старите, по кој оделе беззакониците, а кои предвреме беа истребени, кога водата се беше разлеала под основите нивни? Тие му велеа на Бога: ‚отстрани се од нас! Што ќе ни направи Вседржителот?‘ Он ги полнеше со богатство куќите нивни. – Но далеку да е од мене советот на нечестивите! Ќе видат праведници и ќе се радуваат, а непорочните ќе им се потсмеваат. Зар не пропадна имотот нивни, а остатокот оган го гори. Зближи се со Него – и ќе бидеш спокоен; преку тоа ќе ти дојде доброто. Прими го од устата Негова законот и стави ги зборовите Негови во срцето свое. Ако се обрнеш кон Вседржителот, одново ќе се средиш; ќе го отстраниш беззаконието од шаторот свој и ќе ја фрлиш драгоценоста во прав, и по поточните камења – офирско злато. Вседржителот ќе биде за тебе помошник, ќе те направи чист како блескаво сребро. Зашто тогаш ќе се радуваш за Вседржителот, ќе го кренеш лицето свое кон Бога. Ќе Му се молиш, и Он ќе те чуе, и ти ќе ги исполниш заветите свои. Ќе наумиш нешто, и тоа ќе се исполни, над твоите патишта ќе свети светлина. Кога некој ќе биде понизен, ќе речеш: ‚угоре!‘ и Он ќе го спаси оној со наведнатото лице; ќе го спаси и виновниот; а ќе го спаси преку чистотата на твоите раце.« Одговори Јоф и рече: »Дури и сега зборот мој е горчлив, страдањата мои се потешки од воздишките мои. О, да знаев како да Го најдам, да можев да се приближам до престолот Негов! Би го изложил пред Него моето дело и би ја наполнил устата своја со оправдание; ќе ги дознаев зборовите, со кои Он ми говореше, ќе разберев што ќе ми кажеше. Зар Он, Сесилниот, би зел да се спори со мене? О, не! Туку би ми помогнал. Тогаш праведникот би можел да се оправда пред Него, – и јас засекогаш би се ослободил од својот Судија. Но, ете, јас одам напред – а Него Го нема, назад се враќам – и не Го наоѓам; врши ли Он нешто на левата страна, јас не Го гледам. Но, ако го знае патот мој, нека ме испита, – ќе излезам како злато. Ногата моја здраво се држи за патеките Негови; патиштата Негови ги пазев и не се отстранував. Од заповедите на устата Негова не отстапував; зборовите на устата Негова ги пазев повеќе отколку моите правила. Но Он е силен; кој ќе Го отстрани? Он го прави она што го сака душата Негова. Он ќе го направи она што го наумил за мене, слично на тоа во Него има многу. Затоа јас треперам пред лицето Негово; кога мислам за тоа – се плашам од Него. Бог ме обесхрабри, Вседржителот ме уплаши. Зошто не сум уништен пред оваа темнина? Зошто со мрак го прекри лицето мое!« »Зошто не се сокриени од Вседржителот времињата? И оние, кои Го знаат, не ги гледаат дните Негови? Безбожниците поместуваат меѓи, ограбуваат стада и си ги пасат, од сираците одземаат осел, од вдовица вол – за залог; сиромаси истуркуваат по патот, сите понизени се принудени да се кријат од нив. Ете, како диви осли во пустиња, излегуваат тие по работата своја, стануваат рано за грабеж; пустињата им дава леб за нив и за децата нивни; жнеат по туѓи ниви, и берат грозје во туѓи лозја; многу голи ноќеваат без покрив и без облека на студ; наводенети од горски дождови и, немајќи прибежиште, се притискаат до карпи; раздвојуваат сираче од градите на мајката и земаат залог од сиромав; ги тераат да одат голи, без облека, и они што носат снопови – ги оставаат да гладуваат; оние што маслиновиот елеј им го цедат, они што грозје во каците нивни гмечат – ги измачуваат со жед. Во градот луѓето офкаат и душата на убиваните вика, и Бог не го забранува тоа. Тие ѝ се противат на светлината, не ги знаат патиштата нејзини и не одат по патеките нејзини. На разденување станува убиецот, убива сиромав и беден, а ноќе е крадец. И окото на прељубникот чека да се стемни, велејќи: ‚ничие око нема да види,‘ – и го покрива лицето свое. Во темнината се провираат под куќите, оние што дење ги забележиле; не знаат за светлина. Утрото за нив е смртна сенка, бидејќи им се позанти ужасите на смртната сенка. Лесен е таквиот на водната површина, проклет е делот негов на земјата, и не го гледа патот кон лозјата. Како што сушата и горештината ја голтаат снежната вода; така пеколот ги голта грешниците. Нека го заборави утробата мајчина; нека биде храна за црвите; нека не остане помен за него; како дрво ќе се крши беззаконикот; оној кој угнетува бездетна, и на вдовица не ѝ прави добро. Тие и силните ги ограбуваат со својата сила; остане ли некој, нема надеж за животот свој. Бог им дава во што да се надеваат, но Неговите очи ги гледаат нивните патишта. Се креваат високо, – и, ете, веќе ги нема; паѓаат и умираат, како и сите, и како врвовите на класовите се кршат. Ако тоа не е така, – кој ќе ме изобличи за лагата и кој ќе ги претвори во ништо зборовите мои?« Проговори пак Вилдад од Сува и рече: »Власт и страв има во Него; Он создава мир во Своите висини! Имаат ли број Неговите војски? И врз кого не изгрева светлината Негова? И како може човекот да биде прав пред Бога? Како да биде чист родениот од жена? Ете, дури и месечината, и таа не е светла, и ѕвездите се нечисти пред очите Негови. А камоли човекот, кој е црв, и синот човечки, кој е молец.« Одговори на тоа Јов и рече: »Како му помогна Ти на бессилниот, како ја поддржа мишката на слабиот! Каков совет му даде Ти на немудриот и како наполно ја објасни целата работа! Кому му ги кажуваше тие зборови? Чиј дух излегуваше од Тебе? Исполините треперат под водите, и по оние што живеат во нив. Пеколот е откриен пред Него, и нема покривка над пеколот. Го послал Он северот над празнината, ја закачил земјата на ништо. Он ги заклучува водите во облаците Свои, и облакот под нив не се отвора. Го поставил престолот Свој и го распнал над него Својот облак. Ставил црта над водната површина додека не дојде крајот на светлината и темнината. Столбовите небески се тресат и треперат од силата Негова. Со силата Своја го бранува морето и со разумот Свој го поразува беснеењето негово. Неговиот Дух му дал велелепност на небото; раката Негова ја создала змијата што ползи. Ете, тоа се делови од патиштата Негови; а колку малку сме слушале за Него! И кој може да го разбере громот на Неговата моќ?« Го продолжи Јов својот возвишен збор и рече: »Жив е Бог, Кој ме лиши од студ, и Вседржителот, Кој ја огорчи душата моја, зашто, додека уште здивот мој е во мене и духот Божји во ноздрите мои, устата моја нема да проговори неправда и јазикот мој нема да искаже лага! Далеку од мене да ве признаам за справедливи; додека не умрам, нема да отстапам од својата справедливост. Цврсто ја држев правдата своја и нема да ја пуштам; нема да ме прекори срцето мое во сите денови мои. Непријателот мој ќе биде како безбожник, и оној што станува против мене – како беззаконик. Зашто, каква надеж за лицемерниот, кога Бог ќе ја земе, кога ќе ја истргне душата негова? Ќе го чуе ли Бог викањето негово, кога ќе го снајде неволја? Ќе се утешува ли тој со Вседржителот и ќе Го повикува ли Бога во секое време? Ќе ви кажем што има во раката Божја; нема да сокријам што има кај Вседржителот. Ете, сите вие сами видовте; па зошто толку празни зборови кажувате? Ете, тоа е делот од Бога за беззаконикот и наследство кое насилниците го добиваат од Вседржителот. Ако синовите негови се умножуваат за меч; потомците негови нема да се наситат со леб. Оние што ќе останат по него смртта ќе ги турне во гроб, вдовиците нивни нема да плачат по нив. Да натрупа и сребро како прав и да приготви многу облека, тој ќе приготви, но ќе се облекува праведникот, а непорочниот ќе го добие среброто како свој дел. Си гради куќа како молец и како чувар си прави колиба; лиегнува да спие богат, и не станува таков; отвора очи, и не е повеќе тој. ужаси како голема вода ќе го стигнат; ноќе ќе го грабне луња. Ќе го крене источниот ветар и виор ќе го понесе, и брзо ќе го однесе од местото негово. Бог ќе го допушти тоа врз него и нема да го пожали, колку и да се труди да избега од рацете Негови. Ќе заплескаат со рацете по него и ќе му потсвирнат од местото негово!« »И така, среброто си има исходна жила, и златото – место, каде што го пречистуваат. Железото се добива од земјата; од камен се претопува бакар. Човекот определува предели во темнината и грижливо бара камен во мракот и во смртната сенка. Ископуваат рудокопен извор во места, недостапни за нога, нишајќи се висат далеку од луѓето. Од земјата никнува жито, а под неа сѐ е испревртено, како оган. Во камењата нејзини има место за сафир, во нив има и златни зрнца. Патеката за таму граблива птица не ја знае, јастребовото око не ја видело; ѕверки мали не ја газеле, и не одле по неа лав. Не гранит ја става човек раката своја, од дното превртува гори; во карпи пресечува извори, и окото негово гледа сѐ што е скапоцено; го запира текот на реките и сокриеното го вади на видело. Но каде се наоѓа мудриста, и каде е местото на разумот? Не ја знае човекот цената нејзина, ниту се наоѓа по земјата на живите. Бездната вели: – не е во мене таа: – и морето вели: – не е кај мене -. Таа не се дава за злато и не се добива за измерено сребро; таа не се оценува со офирско злато, ниту со скапоцен оникс, ниту со сафир; не се споредува со неа злато и кристал; нема да ја размениш со садови од чисто злато. А за корал и бисер нема што ни да се спомнува, зашто здобивање со мудрост чини повеќе од рубини. Со неа не се изедначува етиопскиот топаз; со чисто злато таа не се оценува. Од каде, всушност, излегува мудроста? Каде е местото на разумот? Сокриена е таа од очите на сѐ што е живо и притаена е од птиците небески. Погубноста и смртта велат: ‚со ушите свои го чувме мрморењето за неа.‘ Бог го знае патот нејзин; Он го познава местото нејзино. Зашто Он гледа до крајот на земјата и гледа под целото небо. Кога Он му даваше на верерот мерка и ја наместуваше водата по мера, кога му даваше наредби на дождот и пат на громоносната молња, уште тогаш Он ја виде и ја објави, ја приготви и уште ја испита. А на човекот му рече: ‚Ете, стравот Господов е вистинска мудрост, а одбегнувањето од зло е разумот.‘« Го продолжи Јов својот возвишен збор и рече: »О, да бев, како во поранешните месеци, како во оние денови, кога Бог ме пазеше, кога светилото Негово светеше над главата моја, и под Неговата светлина одев среде темнина; како што бев во деновите на своите млади години, кога милоста Божја беше над шаторот мој, кога Вседржителот уште беше со мене, и децата мои околу мене, кога патиштата мои се облеваа со кравјо масло, а горите мои лееја млеко, кога излегував пред градските порти и го поставував седиштето мое на плоштадот, – младите, кога ќе ме здогледаа, се оттргнуваа, а старците стануваа и стоеја; кнезовите се воздржуваат да говорат и ставаа прст на устата своја; гласот на првенците замолкннуваше, јазикот им се залепуваше за непцата нивни. Уво, што ќе ме чуеше, ме ублажуваше; око, што ќе ме видеше, ме восфалуваше, зашто јас го спасував страдалникот што викаше и беспомошниот сирак. Врз мене доаѓаше благословот на оној што пропаѓаше; на вдовичиното срце му донесував радост. Се облекував во правда, и судот ми беше како наметка, како мантија и превез. Јас бев очи на слепиот и нозе на хромиот; за сиромасите бев татко и внимателно ја проучував поплаката, која не ја знаев. На беззаконикот му ги кршев забите, и од забите му го истргнував украденото. Па си велев: ‚Ќе свршам во гнездото свое, и дните мои ќе бидат многу – како песокта.‘ Коренот мој беше покрај вода, росата ноќеваше на гранките мои; славата моја се подмладуваше, и лакот мој стануваше појак во раката моја. Ме слушаа и чекаа; и не мрмореа на советот мој. По моите зборови веќе не расудуваа; зборот мој ги натопуваше нив. Ме очекуваа како дожд; ја отвораа устата како за задоцнет дожд. Се случуваше, ќе им се насмевнев, – тие не веруваа; и светлината на лицето мое не ја замрачуваа. Кога одев кај нив, седев не чело; и живеев како цар меѓу војници, како утешител на оние што плачат.« »А сега ми се потсмевнуваат помладите од мене, оние, чии татковци не би се согласил да ги ставам со кучињата на стадата свои. И за што ми е силата на нивните раце? Над нив помина веќе времето. Истоштени од сиромаштија и глад, тие бегаа во рамнина безводна, темна и запустена; Береа лобода кај дабовите дрвја, и смрекови корења им беа храна. Ги гонеа луѓето и викаа по нив како по крадци. Живееја во поточни долови, земни дупки и пештери. Викаа меѓу грмушките, се вовираа под трњето. Луѓе отфрлени, луѓе безимени; подолни од земјата. Ете, ним им станав јас сега песна и приказ за разговорот нивни. Тие се гадат од мене, ме одбегнуваат и не се воздржуваат дури и да плукаат на мене. Затоа што Бог ми ја одврза торбата за стрели и ме сотре; тие ја симнаа од себеси уздата пред лицето мое. Оддесно се крева тој изрод, со нозете свои ми го стеснија патот за да ме погубат. А мојот пат го разрушија; ги умножија моите маки; не ми е потребен помошник. Доаѓаат кај мене како низ широк пролом; шумно се нафрлуваат врз мене. Ужасно ме сполетаа; како ветар се расеа моето величие, и доброто мое одмина како облак. Сега душата ми се топи во мене; мачни денови ме налегнаа. Ноќе ме вртат коските мои, жилите ми немаат мир. Со голема мака се соблекува од мене облеката моја; јаката на мојот хитон ме задавува. Он ме фрли во калта; станав како прав и пепел. Викам кон Тебе, а Ти не ме слушаш, – стојам, а Ти само ме гледаш. Ти стана жесток спрема мене, со силна рака ме поарзуваш. Ти ме крена и ме натера да се носам по ветар и ме сотираш. Знам, дека Ти ќе ме дотераш до смрт, во домот каде што се собираат сите живи. Вистина, Он нема да пружи рака врз домот на коските; ќе викаат ли тие, кога ќе бидат уништувани? Зар не сум плачел за оној што беше во зло; зар не тагуваше душата моја за сиромасите? Додека го чекав доброто, дојде злото дури чекав светлина, дојде темнина. Утробата моја врие без престан и не се смирува; мачни денови ми наидоа. Одам поцрнет, но не од сонце; станувам во собранието и викам. Станав брат на шакалите и пријател на нојевите. Кожата ми поцрне на мене, а коските ми се исушија од горештина. И гуслето ми стана тага, и свирките мои – глас плачевен.« »Завет направив со очите свои, за да не погледнам на девица. Но каков дел би имал од Бога одозгора? И какво наследство ми испратил Седржителот од небесата? Не ли е за нечесниот погибелта? Нели е за безбожникот пропаста? Не ги виде ли Он патиштата мои и не ги брои ли сите мои чекори? Ако одев во суета, и ако ногата моја брзаше кон лукавство, – нека ме измерат со мерката на правдата, и Бог ќе ја дознае мојата непорочност. Ако стапките мои се отстранувале од патот, ако срцето мое ги следело очите мои, и ако нешто нечисто се залепило за рацете мои, јас нека сејам, а друг да јаде, и потомците мои искоренети да бидат. Ако срцето мое се занесувало од жена и ако сум демнел крај вратата на ближниот свој, жената моја нека му меле на друг, и друг нека се подигрува со неа, зашто тоа е престап, тоа е беззаконие, кое подлежи на суд; тоа е оган, што гори до истребување, што би го уништил целиот мој имот. Ако не водев грижа за правата на слугата и на слугинката, кога имаа спор со мене, што ќе правев, ако се кренеше Бог? И ако ме испитуваше, што ќе можев да Му одговорам? Нели Он, Кој ме создал мене во утробата, го создал и него и еднакво нѐ обликувал во утробата? Сум ја откажал ли молбата на оној што имал потеба, и сум ги просолзувал ли очите на вдовица? Сам ли го јадев залакот свој, нели јадеше и сиракот од него? Зашто од детството растел тој со мене како со татко, и од утробата на мајката негова сум го раководел јас. Ако видев некој дека загинува без облека и сиромав без покрив, – бедрате негови нели ме благословуваа и тој не ли биваше стоплен со волната од овците мои? Ако сум кренал рака врз сирак, кога ќе видев, дека имам потпора пред портите, рамото мое нека се оддели од грбот и раката моја нека се откине од лактот, зашто казната од Бога е страшна за мене: пред Неговото величие јас не би можел да опстанам. Сум го земал ли златото за моја потпора и сум велел ли на ризницата: ‚ти си моја надеж‘? Сум се радувал ли дека богатството ми беше големо и дека раката моја спечалила многу? Гледајќи го сонцето, како свети, и месечината, како величествено оди, се занесував ли во длабочините на срцето свое и ја бакнував ли со уста раката своја? Тоа ќе беше исто така престап за суд, зашто тогаш би се откажал од Бога Севишниот. Се радував ли за неволјата на непријателот мој и се веселев ли кога го снаоѓаше зло? Не ѝ дозволував на устата моја да греши со проколнување на душата негова. Не велеа ли луѓето од мојот шатор: ‚О, кој не се наситувал од неговите месни гозби?‘ Туѓинец не ноќеваше не улица; вратата своја ја отварав на патникот. Да ги криев грешките свои пред луѓето и ако ги таев во градите своите престапи, ќе се плашев од големото мноштво, и од најмалиот во домот мој ќе имав страв, па затоа молчев и не излегува надвор од вратата. О, да имаше кој да ме ислуша! Еве ја мојата желба: Вседржителот да ми одговори, а заштитникот мој да состави запис за тоа; ќе го носев на рамениците мои и ќе се украсував со него како со венец; ќе му го соопштев бројот на чекорите свои, ќе се приближев до него како кнез. Ако нивите мои викаа против мене, ако браздите нивни се поплакуваа од мене, ако сум им ги јадел плодовите нивни бесплатно и сум ја измачувал душата на земјоделците, тогаш место жито нека расте трње и место јачмен – какол.« Зборовите Јовови свршија. Кога тие тројца мажи престанаа да му одговараат на Јова, бидејќи пред очите нивни беше прав. Се разгори гневот на Елијуја, сен Варахиилов, од Вуз, од Рамовиот род; се разгоре гневот негов против Јова, поради тоа што тој се правеше поправеден од Бога; а против тројцата негови пријатели се разгоре гневот негов затоа што тие не знаеја, што да одговорат, а пак го обвинуваа Јова. Елијуј чекаше додека тие говореа со Јова, зашто по години беа постари од него. А кога Елијуј виде оти нема одговор во устата на тројцата мажи, гневот негов се разгоре. И одговори Елијуј, син Варахиилов, од Вуз, и рече: »Јас сум млад по години, а вие сте старци; затоа јас се плашев и не се осмелував да ви го кажам моето мислење. Јас си велев: нека говорат дните и многулетието нека поучува во мудрост. Но има дух во човекот, и духот на Седржителот го вразумува. Не само многулетните се мудри, ниту само старците знаат што е право. Затоа велам: ислушајте ме, ќе ви го кажам и јас моето мислење. Ете, чекав вие да се искажете, го слушав вашето расудување, додека вие говоревте. Внимателно ве следев, и никој од вас не го изобличи Јова и не одговори на зборовите негови. Немојте да речете: ‚ние наидовме на мудрост: Бог ќе го убеди, а човекот не може.‘ Ако тој ги упатуваше зборовите свои кон мене, јас ќе му одговорев не со вашите зборови. Се исплашија повеќе не говорат; се збунија, престанаа да зборуваат. Чекав, а тие пак не говореа, престанаа и повеќе не зборуваа. Јас ќе говорам за сѐ, јас ќе го кажам мислењето свое. Затоа што сум полн со зборови, и духот ме притиска одвнатре. Ете, утробата моја, како затворено вино: готова е да прсне како нови мевови. Ќе позборувам, за да ми се олесни; ќе си ја отворам устата и ќе одговорам. Нема да гледам кој е кој и на никого нема да му ласкам, зашто не умеам да ласкам: за миг Создателот мој би ме зел.« »И така, слушај ги Јове, зборовите мои и внимавај на сите мои зборови. Еве, ја отварам устата своја, јазикот ми говори во устата моја. Зборовите мои се искрени од срцето мое, и устата моја ќе искаже чиста вистина. Духот Божји ме создал, и здивот на Вседржителот ми дал живот. Ако можеш, одговори ми и застани спроти мене. Еве ме мене, според твојата желба, место Бога. И јас сум направен од кал; поради тоа стравот пред мене не може да те збуни, и раката моја нема да биде тешка за тебе. Ти рече пред мене, и јас го чув гласот на твоите зборови: ‚Чист сум, без порок, невин сум; во мене нема неправда; А Он најде обвинение против мене и ме смета за Свој противник; нозете ми ги стави на клада, ги надгледува сите мои патишта.‘ Ете, во тоа ти не си прав, ти одговарам; човекот со Бога не може да се мери. Зошто ти е да се бориш против Него? Он не дава сметка за Своите дела. Бог говори еднаш и двапати, но луѓето не внимаваат: на сон, во ноќно видение, кога сонот ги соборува луѓето, во време, кога спијат на своето легло, тогаш Он му отвора на човекот увото и го запечатува Своето кажување. за да го одвлече човекот од лошо дело, и да ја отстрани гордоста од него. за да ја запази душата негова од бездна, и животот негов од пораз со меч. Или, пак, го вразумува со болест на постелата негова, и со лута болка во сите коски негови, – така што животот негов да се гади од лебот, душата негова од обичната храна. Телото негово исчезнува; коските негови се подаваат, кои пред тоа не се гледале. Душата негова се приближува кон гробот, а животот негов – до смртта. Ако има кај него Ангел пазител, еден од илјада, за да му го покажува правиот пат, – Бог би се смилувал над него и би рекол: ‚Ослободи го од гробот; јас најдов откуп.‘ Тогаш телото негово ќе се подмлади повеќе, отколку во млади години; и тој ќе се врати во дните на младите свои години. Ќе Му се моли на Бога, и Он ќе биде милостив спрема него; со радост ќе го погледнува лицето негово и ќе му ја враќа праведноста негова. Тој ќе ги гледа луѓето и ќе вели: ‚сум грешел и сум ја обвинувал правдата, и не ми се помогна; Бог ја ослободи душата моја од гроб; животот мој гледа светлина.‘ Ете, сето тоа Бог му го врши два до трипати на човекот, за да ја изведе душата негова од бездната и да го просвети со светлината на живите. Внимавај, Јова, слушај ме, молчи, јас ќе зборувам. Ако имаш нешто да кажеш, одговарај; говори, зашто би сакал да те оправдам; ако, пак, не тогаш слушај ме: молчи и јас ќе те научам на мудрост.« Продолжи Елијуј и рече: »Ислушајте го, мудри, зборот мој, и приклонете го увото кон мене, разумни! Зашто увото ги разбира зборовите, како што непцата го разликуваат вкусот на храната. Да расудиме меѓу себеси што е право и да познаеме што е добро. Ете, Јов рече: ‚јас сум прав, но Бог ја отфрли мојата правда. Треба ли да лажам против својата правда? Раната ми е неизлечива – рана без вина.‘ Има ли човек како Јова, којшто ги пие подигравките како вода, кој другарува со оние што вршат беззаконие и оди со безбожни луѓе? Зашто тој беше рекол: – нема полза за човека да му угодува на Бога. – И така, чујте ме, луѓе разумни! Не може да има кај Бога зло или кај Вседржителот неправда. Он постапува со човекот според делата негови и му помага да го најде патот свој. Навистина, Бог не прави зло и Вседржителот не суди криво. Кој, освен Него, размислува за земјата? И кој управува со вселената? Ако Он го свртеше срцето Свое кон Себе и го земеше при Себе нејзиниот дух и нејзиното дишење, – за миг ќе загинеше секоја плот и човекот ќе се вратеше во правот. И така, ако имаш разум, чуј го ова и внимавај на зборовите мои. Кој ја мрази правдата, може ли да господари? И можеш ли ти да Го обвинуваш Сеправедниот? Може ли да му се каже на царот: ‚ти си никаквец‘, и на кнезовите: ‚вие сте беззаконици?‘ Но Бог не гледа и на лицата на кнезовите и не цени богат пред сиромав, зашто сите тие се дело на раката Негова. Тие умираат ненадејно, и среде ноќ народот ќе се вознемири и ќе исчезне; зашто неговите очи се над патиштата на човекот; Он ги гледа сите чекори негови. Нема темнина, ниту смртна сенка, каде што би можеле да се сокријат оние што вршат беззаконие. Никому не му го одложува времето кога ќе му дојде да се суди со него. Он ги уништува силните без испитување и поставува други на нивните места, зашто Он ги знае нивните дела; кога настане ноќ – веќе ги нема. Ги поразува како беззаконици пред очите на другите, поради тоа што отстапиле од Него и не ги разбрале Неговите патишта, така што дојде до Него повикот од сиромасите, го слушна офкањето на угнетените. Ако даде Он мир, кој може да вознемири? Ако го сокрие лицето Свое, кој може да Го види? А тоа бива за сиот народ и за еден човек, за да не царува лицемерниот над народот и да нема стапица за народот. На Бога треба да Му се каже: ‚Претрпев, нема повеќе да грешам. А она што јас не знам научи ме; ако сум направил беззаконие, нема повеќе да правам.‘ Според твоето ли разбирање Он треба да плаќа? И бидејќи ти отфрлуваш, на тебе останува да избираш, а не на мене; зборувај сѐ што знаеш. Умните луѓе ќе го кажат истото; мудрите ќе се согласат со мене, дека Јов умно не зборува и дека зборовите негови не се разумни. Би сакал јас Јов наполно да биде испитан, според одговорите негови, зашто одговара како лоши луѓе. Инаку, кон гревот свој додава уште и беззаконие, плеска со рацете меѓу нас и уште повеќе ќе говори против Бога.« Продолжи пак Елијуј и рече: »Мислиме ли дека е право тоа што рече: ‚мојата правда е поголема од Божјата?‘ Ти рече: ‚каква полза за мене и каква корист ќе имам, ако не грешам?‘ Јас Ќе ти одговорам и на тебе и на твоите пријатели: Погледај кон небото и види; загледај се во облаците – тие се повисоки од тебе. Ако грешиш, што ќе Му направиш Нему? И ако товите престапи се умножуваат, што Му причинуваш Нему? Ако си праведен, што Му даваш? Или што ќе добие од раката твоја? Твоајта нечесност може да му направи лошо на човекот како тебе; а твојата праведност може да му помогне на синот човечки. Од многу насилници офкаат угнетените и од рацете на силните пиштат; но никој не вели: ‚каде е Бог, мојот Создател, Кој дава песни ноќе, Кој нѐ прави поразумни од земниот добиток и помудри од птиците небески?‘ Таму тие пиштат, поради гордоста на лошите луѓе, но Он не ги услишува. Бог не ги слуша гордите, и Вседржителот не гледа на нив. Макар и да велиш дека не Го гледаш, но судот е пред Него, и – очекувај го. А сега, бидејќи гневот Негов те посети, а тоа не е ништо и Он не те испита со сета строгост, затоа, Јов, лесномислено ја отвора устата своја и без размислување, неразумно говори.« И пак продолжи Елијуј и рече: »Стрпи се малку, ќе ти покажам, зашто има уште нешто да кажам за Бога. Ќе го почнам зборот мој од далеку и ќе ти покажам дека мојот Создател е справедлив, навистина зборовите мои не се лага: пред тебе е оној, кој исправно мисли. Ете, Бог е моќен, но никого не презира; силен е со крепкото срце Свое; не ги поддржува безбожниците, а угнетените ги оправдува; не ги отстранува очите Свои од праведниците, но заедно со царевите ги става засекогаш на престол; и тие се воздигаат. Ако, пак, се оковани во вериги и се држат во оковите на неволјата, тогаш им ги напомнува делата нивни и беззаконијата нивни, бидејќи се умножиле. Го отвора увото нивно за вразумување, им вели да се оттргнат од беззаконието. Ако послушаат и почнат да Му служат, ќе ги поминат дните свои во добро и годините свои во радост; Ако, пак, не послушаат, гинат од стрела и умираат во безумие. Но лицемерните имаат во срцето свое гнев и не се обрнуваат кон Него, кога ги врзува во окови; затоа душата нивна умира во млади години, и животот нивни згаснува со блудници. Он го спасува страдалникот од маката негова и, кога е угнетен, му го отвора увото. И тебе би те извел Он од теснината на широко, каде што нема угнетување; и трпезата твоја би била полна со мрс; Ако си заслужил суд безбожнички, судот веќе и осудувањето ќе те снајдат. Да не те порази Божјиот гнев со казна! Голем откуп нема да те избави. Нема да гледа на Твоето богатство, ниту на златото, ниту на какво и да било сокровиште твое. Не воздивнувај за онаа ноќ кога народите се истребуваат на местото свое. Пази се, не подавај се на нечестието, што си претпочитал пред страдањето. Бог е најголем со силата Своја; кој учител, како Него? Кој Му Го одреди патот Негов? Кој може да Му каже: ‚постапуваш ли неправедно?‘ Не заборавај да ги величаш делата Негови, кои луѓето ги гледаат. Сите луѓе можат да ги видат; човек може да ги види и оддалеку. Ете, Бог е голем, и ние не можеме да Го познаеме; бројот на годините Негови е неиспитан. Он ги стега водните капки; тие лијат дожд од облаците Негови; капат од облаците и се изливаат изобилно врз луѓето. И кој може да го разбере ширењето на облаците, трескотот во шаторот Негов? Ете, Он ја распростира врз нив светлината своја и го покрива морското дно. Оттаму Он ги суди народите, дава храна во изобилие. Он крие во дланките Свои молња и ѝ заповеда кого да удри. Грмењето дава знак да се знае за неа; и добитокот чувствува што станува.« »И од тоа трепери срцето мое и се крева од местото свое. Чујте, чујте го гласот Негов и громот, што излегува од устата Негова. Под целото небо се разнесува грмежот Негов, и светкавицата Негова – до краиштата на земјата. По Него гром се разгласува; грми Он со гласот на Своето величие и не го запира, кога гласот Негов ќе се чуе. Чудно грми Бог со гласот Свој, врши големи дела, за нас недостижни. Зашто Он му вели на снегот: – паѓај на земјата; и ситниот и крупниот дожд се во Негова власт. Он става печат врз раката на секој човек, за да ги знаат сите луѓе Неговите дела. Тогаш ѕверот оди во прибежиштето и си останува на леглото свое. Од југ доаѓа бура, од север – студ. Од дувањето Божјо настанува лед: водената површина се собира. Со влага ги полни облаците; а од облаците зрачи светлината Негова, и тие се движат по целата земја според волјата Негова, за да го извршат она што им го заповедал Он. Он им заповеда да отидат или за казна, или за благоволение, или за помилување. Влушај се во ова, Јове; стој и гледај ги чудесните дела Божји. Знаеш ли како Бог ги распоредува и како ѝ заповеда на светлината да болска од Неговиот облак? Ја разбираш ли рамнотежата на облаците, чудното дела на Најсовршениот во секое знаење? Како се стоплува облеката твоја кога ја успокојува земјата од југ? Со Него ли го распна небото, кое стои така цврсто како излеано огледало? Научи нѐ што да Му кажеме. Во овој мрак не можеме ништо да распознаеме. Ќе му биде ли јавено што зборувам јас? Кажал ли некој, дека Нему Му се соопштува, што е зборувано? Сега не се гледа болскавата светлина во облаците, но ќе дувне ветер и ќе ги расчисти. Убавото време доаѓа од север, но во Бога убавината е преголема. Вседржителе! Ние не го достигнуваме. Голем е по сила, по судот и по полнотата на правосудието, но Он никого не го угнетува. Поради тоа нека се плашат пред Него луѓето и нека треперат пред Него сите мудри по срце!« Кога Елијуј престана да говори, Господ му одговори на Јова од бурата и рече: »Кој е тој, што замрачува Провидението со зборови без смисла? Препаши ја сега половината своја како маж: Јас ќе те прашувам, а ти објаснувај Ми: каде беше ти кога ги поставував основите на земјата? – кажи, ако знаеш. Кој ѝ ги определи мерките? Знаеш ли: кој го оптегнува јажето околу неа? Врз што се зацврстени основите нејзини? Кој ѝ го положи аголниот камен, кога ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост? Кој го затвори морето со врата, кога тоа се истргна, та излезе како од утроба; кога облаците ги направив негова облека и маглата – негова повивка; кога му ја дадов мојата наредба и му наместив клучалки и врата; кога му реков: ‚до тука ќе дојдеш и нема да преминуваш, и тука е границата на твоите горди бранови?‘ Си му давал ли ти некогаш во животот свој заповед на утрото и си го посочувал ли на зората местото нејзино, за да ги опфати краиштата на земјата и да ги истресе од неа безбожниците, за да се измени земјата како глина под преса и да стане како разнобојна облека, да се одземе од беззакониците светлината нивна и да се скрши издигнатата рака нивна? Си слегувал ли во длабочината морска и си влегувал ли да ја испитуваш бездната? Се отворале ли пред тебе вратите на смртта; си ја видел ли ти вратата на смртната сенка? Си ја разгледал ли ширината на земјата? Кажи го, ако го знаеш сето тоа. Каде е патот кон живеалиштето на светлината и каде е местото на темнината, за да стигнеш до границите нејзини и да ги знаеш патеките до домот нејзин? Ти го знаеш тоа, зошто тогаш беше веќе роден; но бројот на дните твои е мошен голем. Си влегувал ли ти во местата на снегот и си ги видел ли сокровиштата на градот, што Јас ги чувам за смутно време, за денот на битка и војна? По кој пат се разлева светлината и се разнесува источниот ветар по земјата? Кој ги отвора потоците за изливање на водата и патот за грмоносните светкавици, за да паѓа дожд врз земјата без луѓе, врз пустињата, каде што нема човек; за да ја заситува пустињата и степата и да ги разбудува зелените «ркулци да никнуваат? Дождот има ли татко? Или кој ги раѓа капките на росата? Од чија утроба излегува мразот; и кој ја раѓа небеската слана? Водите како камен да си зацврстуваат, и површината на бездната да замрзнува. Можеш ли да го врзеш јазелот на Плејадата и да ги разврзеш врските на Орион? Можеш ли да го изведуваш Соѕвездието во времето негово и да ја водиш Вечерната ѕвезда? Ги знаеш ли законите на небото, можеш ли да уредиш тоа да владее над земјата? Можеш ли да го кренеш гласот свој до облаците, за да те покрие обилно водата? Можеш ли да испраќаш молњи, и да тргнат и да ти речат: ‚еве не?‘ Кој вложи мудрост во срцето на човекот, и кој му даде смисла на разумот? Кој може да ги преброи обалците со својата мудрост и да ги задржи садовите од небото, кога правот се претвора во кал и грутките се слепуваат? Ти ли ловиш плен за лавицата и ги наситуваш лавчињата, кога тие лежат во леглата или почиваат под сенка во заседа? Кој ѝ ја приготвува храната на враната кога пиленцата нејзини, скитајќи без храна, викаат кон Бога? »Го знаеш ли времето, кога дивите кози раѓаат по карпите, и си забележувал ли како раѓаат срните? Можеш ли да ги преброиш месеците на нивната бременост? И го знаеш ли времето кога раѓаат? Тие се превиткуваат, и раѓајќи ги малечките свои, се ослободуваат од болките свои. Породот нивни зајакнува, радост е во полето, си оди и не се враќа при нив. Кој го пуштил на слобода дивиот осел и кој му ги разврзал врските негови, на кој сум му ја одредил пустињата за дом и соланите – за живеалиште. Тој се потсмева на вревата во градот и не го слуша викањето на терачот, си бара храна по горите и се впушта на секое зелено растение. Ќе сака ли еднорог да ти служи и ќе ноќева ли во твоите јасли? Можеш ли да го врзеш со јаже еднорогот за браздата, и ќе ја браносува ли по тебе нивата? Ќе се потпреш ли на него, бидејќи силата му е голема и ќе му ја оставиш ли нему твојата работа? Ќе му поверуваш ли, дека тој ќе ги врати семињата твои и ќе ги донесе на гумното твое? Ти ли му даде убави пердуви на паунот и крилја и мов на нојот? Тој ги остави јајцата свои на земјата и ги топли на песокот, и заборава, дека нога може да ги скрши или полска ѕверка да ги згази; немилостив е спрема малечките свои, како да не се негови, и не се плаши, оти трудот негов ќе биде залуден, зашто Бог не му дал мудрост и не го надарил со разум; а кога ќе се извиши високо, му се потсмева на коњот и на јавачот негов. Ти ли му даде сила на коњот и ти ли го украси вратот негов со грива? Можеш ли да го исплашиш како скакулец? Треперењето на ноздрите негови е ужас; ја рове со нога земјата и се радува на силата своја; оди спроти оружје; се смее на опасноста и не се плаши и не се отстранува од меч. Торба со стрели ѕвечка на грбот негов, болска копјето и топузот; од немир и јарост голта земја и не може да стои при трубен звук; штом ќе засвири трубата, тој вришти и оддалеку ја претчувствува битката, громкиот глас на војводите и викот. Поради твојата мудрост ли фрчи јастребот и ги насочува крилјата свои кон југ? По твојот збор ли се издига орелот и си вие гнездо на високо? Тој живее на карпа и ноќева на врв од стрмнината и на непристапни места; оттаму ја здогледува храната: очите негови гледаат далеку; и малечкте негови пијат крв; каде што има труп, таму е и тој.« Продолжи Господ и му рече на Јова: »Кој се бори со Вседржителот, ќе сака ли да поучува? Кој Го напаѓа Бога, нека Му одговори.« Му одговори Јов на Господа и рече: »Еве, јас сум ништожен, што да Ти одговорам? Раката своја ја ставам на устата моја. Еднаш говорев, – сега нема да одговарам; говорев дури двапати, но повеќе не.« Му одговори Господ на Јова од луњата и му рече: »Препаши ја како маж половината своја: Јас ќе те прашувам, а ти објаснувај Ми. Мојот суд ли сакаш да го собориш, да Ме обвиниш, а себеси да се оправдаш? Таква ли е твојата мишка, како на Бога? И можеш ли како Него да згрмиш со гласот свој? Тогаш украси се со величие и слава, облечи се во болскот и великолепие; излеј ја јароста не гневот свој, погледај сѐ што е гордо и смири го; погледај ги сите поносни и понизи ги, сотри ги безбожниците на местата нивни; закопај ги сите во земја и покри ги лицата нивни со темнина. Тогаш и Јас ќе признаам, дека твојата десница може да те спасува. Ете слонот, што сум го создал, како и тебе; тој јаде трева како вол; а силата негова е во бедрата негови, јачината негова – во мускулите е на стомакот негов; ја размавтува опашката своја како кедар, а жилите на бедрата негови се како железни стапови; нозете негови изгледаат како бакарни труби; коските негови – како железни прачки; тоа е врвот на Божјите патишта: само Оној Кој го создал, може да го приближи мечот Свој до него; горите негови му принесуваат храна, таму сите полски ѕверови играат; тој си легнува под сенчести дрвја, меѓу трски и во глиб; сенчестите дрвја го покриваат со сенката своја; врби крај потоците го опкружуваат; ете, тој ја задржува реката за да пие и не брза; си останува спокоен, дури и кога би посакал Јордан да потече кон устата негова. Ќе го фати ли некој јавно и ќе му го продупчи ли носот негов со кука? Можеш ли со јадица да излвлечеш слон и со врвца да го врзеш за јазикот? Ќе вовреш ли алка во ноздрите негови? Ќе ја прободеш ли со шило челуста негова? Ќе ти се моли ли многу и ќе ти говори ли кротко? Ќе направи ли договор со тебе, ќе го земеш ли засекогаш како слуга свој? Ќе се забавуваш ли со него како со птичка, и ќе го врзеш ли заради девојченцата свои? Ќе го продаваат ли другарите како лов, ќе го делат ли меѓу хананејските трговци? Можеш ли да му ја продупчиш кожата негова со копје и главата негова со рибарска вила? Стави ја на него раката своја и помни за борбата; оти во иднина не ќе смееш.« »Ете, надежта е суетна. Нема ли да паднеш само од еден негов поглед? Нема толку силен кој би се осмелил да Ме обеспокои; и кој може да опстане пред Моето лице? Кој Ми дал нешто порано, та Јас да му вратам? Под целото небо сѐ е Мое. Нема да премолчам за деловите негови, за силата и нејзината убава сразмерност. Кој може да ја одгрне горната облека негова, кој ќе се приближи до двојните челусти негови? Кој може да ја отвори вратата на лицето негово? Забите негови наоколу се ужас. јаките штитови негови – великолепие; тие се зацврстени како со тврд печат; еден до друг се допираат толку блиску, така што и воздух не минува меѓу нив; еден до друг стојат збиени, слепени се и не се размесуваат. Кога кива, испушта светлина; очите му се како зраци на зората: од устата негова излегуваат пламени јазици, излегуваат огнени искри; од ноздрите негови излегува пара, како од зовриено грне или котел. Здивот негов е разгорен јаглен, а од устата негова излегува пламен. На вратот негов сила престојува, и пред него ужас трча. Месестите делови на телото му се сплотени силно меѓу себе, не мрдаат. Срцето му е цврсто како камен, кораво како долен воденички камен. Кога се подига, јунаци треперат, сосема се губат од ужас. Кој меч ќе се допре до него, не издржува; не издржува ни копје, ни кратко копје, ни оклоп. Железото го смета за слама, бакарот – за гнило дрво. Стрелата ни лакот нема да го подгони; камењата од праќката во плева се претвораат за него. Боздоганот за него е како сламка; над пиштењето од стрелата тој се смее. Под него има остри камења, и тој лежи врз остри камења во калта. Он прави морската длабочина да врие како котел, морето го претвора во зовриена маст; зад себе остава светла трага; бездната изгледа како бело руно. На земјата нема сличен на него: он е создаден бестрашен; на сѐ, што е високо, гледа смело; он е цар над сите синови на гордоста.« Му одговори Јов на Господа и рече: »Знам, дека Ти сѐ можеш, и дека намерата Твоја не може да биде неизвршена. Кој е тој, што го помрачува Провидението – со зборови што не ги разбира? Ете, јас го говорев она што не го разбирав, за чудни дела, што не можев да ги знам. Послушај ме, викав јас, и ќе говорам, и што ќе Те прашам, објасни ми го. Бев слушал за Тебе со слухот на увото; сега, пак, очите мои Те гледаат; затоа јас се откажувам и се покајувам во прав и пепел.« И потоа, откако Господ му ги изговори на Јова овие зборови, му рече на Елифаза од Темна: »Се разгоре гневот Мој против тебе и против двајцата другари твои, затоа што не зборувавте за Мене вистина, како Мојот слуга Јов. Затоа, земете си со себе седум телиња и седум овни, па одете кај Мојот слуга Јов и принесете си за себеси жртва; и Мојот слуга Јов ќе се помоли за вас, зашто само неговото лице ќе го примам, за да не ве отфрлам, поради тоа што не говоревте за Мене вистина, како слугата Јов.« И отидоа Елифаз од Темна, Вилдад од Сува и Софар од Нам, и направија како што им заповеда Господ, – а Господ го прими лицето Јовово. Му ја врати Господ на Јова загубата, кога тој се помоли за пријателите свои; и му даде Господ на Јова двојно повеќе од она што го имаше пред тоа. Тогаш дојдоа при него сите негови браќа и сите негови сестри и сите негови поранешни познати, па јадеа со него леб во куќата негова и му изјавија сочувство, утешувајќи го за сето зло, што Господ го беше допуштил врз него, и секој му даде по еден сребреник и по еден златен прстен. И ги благослови Бог последните денови на Јова повеќе од напрешните: тој имаше четиринаесет илјади дробен добиток, шест илјади камили, илјада чифта волови и илјада ослици. Имаше и седум синови и три ќерки. Првата ја именува Емина, втората – Касија, а третата – Керенкапух. По целата земја немаше такви убави жени, како Јововите ќерки; татко им и ним им даде наследство меѓу браќата нивни. По ова, Јов живееше сто и четириесет години и доживеа да види синови и внуци до четвртото колено. Умре Јов стар и сит од животот. Блажен е оној човек, што не оди на советот безбожнички, не застанува на пат на грешници и не седи во друштво на развратници, па му омилел законот на Господа и во законот Негов дење и ноќе се поучува; тој е како дрво посадено крај воден извор, кое својот род го дава навреме, и чиј лист не вене; и во сѐ што прави, напредува. Но не се такви безбожниците; тие се како прав, што го растура ветар по земјата. Затоа безбожниците нема да се одржат на судот, ниту грешниците – во соборот на праведниците. Зашто Господ го знае патот на преведниците; патот, пак, безбожнички води во погибел. Зошто се бунат народите, и племињата смислуваат лоши работи? Се креваат царевите земски, и кнезовите се собираат заедно против Господа и Неговиот Помазаник. »Да ги раскинеме врските нивни и да го отфрлиме од себе јаремот нивни.« Оној, Кој живее на небесата, ќе им се смее и Господ ќе ги исмее. Тогаш во гневот Свој ќе им говори и со јароста Своја ќе ги збуни: »Јас го помазав Царот Свој на Сион, на Мојата Света Гора.« Ќе го кажам определението – Господ Ми рече: »Ти си Син Мој, Јас денес Те родив.« И побарај од Мане, и ќе Ти ги дадам народите во Твое наследство, и краиштата на замјата – во Твоја власт. Ти ќе ги пасеш со железен жезал; ќе ги разбиваш како грнчарски сад. И сега цареви, вразумете се; поучете се, судии земни! Служете Му на Господа со страв и радувајте се со трепет. Почитувајте го Синот, та да не се разгневи, и на патот свој да не погинете; зашто Неговиот гнев брзо ќе се разгори. Блажени се сите, кои на Него се надеваат. Господи, колку многу се намножија непријателите мои! Мнозина се креваат против мене; мнозина велат за душата моја: нема спас за него во Бога. Но Ти, Господи, си застапник мој, слава моја; Ти ја подигаш главата моја. Со гласот свој викам кон Господ, и Он ме слуша од Својата Света Гора. Легнувам, спијам и станувам, оти Господ ме чува. Не се плашам од многу илјади луѓе, што од сите страни навалиле на мене. Стани Господи! Спаси ме, Боже мој! Зашто Ти ги поразуваш сите мои непријатели и им ги здробуваш забите на грешниците. Од Господа е спасението. Твојот благослов нека биде на народот Твој. Кога викам, чуј ме, Боже, правдо моја! Во маката моја дај ми простор. Помилуј ме и услиши ја молитвата моја. Синовите човечки, до кога ќе бидете со тврдо срце; до кога ќе сакате суета и ќе барате лага? Знајте дека Господ го запазил Својот светија; Господ слуша кога викам кон Него. Не грешете, гневејќи се; размислете во срцата свои и на постелите свои, и смирете се. Принесете жртва за правда и надевајте се на Господа. Мнозина велат: кој ќе ни покаже што е добро? Покажи ни ја светлината на лицето Свое, Господи! А мене Ти си ми го исполнил срцето со радост поголема отколку кога ќе се роди во изобилие пченица и вино. Затоа мирно легнувам и спијам; оти Ти, Господи, си ми влил надеж да живеам без опасност. Чуј ги, Господи, зборовите мои, разбери ги поплаките мои. Чуј го гласот на моето молење, Цару мој и Боже Мој! Наутро чуј го гласот мој, наутро застанувам пред Тебе и во Тебе гледам. Оти Ти си Бог, Кој не сака беззаконија; за лошиот нема место при Тебе: безбожниците нема да излезат пред очите Твои; Ти ги мразиш сите што вршат неправда. Ти ќе ги уништиш сите лажливци; од крвопиец и лукав Господ се гнаси. А јас, пак, според Твојата голема милост, ќе влезам во Твојот дом И ќе се поклонам во Твојот свет храм со страв пред Тебе. Господи, упатувај ме во Твојата правда, поради непријателите мои патот Твој пред мене порамни го. Зашто во устата нивна нема вистина; во срцето им е измама; грлото им е отворен гроб; на јазикот, пак, дволичност. Казни ги, Боже, нека пропаднат тие и мислите нивни; поради многуте нечестни работи отфрли ги, бидејќи Те огорчија Тебе. Па нека се зарадуваат сите, кои се надеваат на Тебе: вечно да се радуваат оние што Ти ги закрилуваш; и да се радуваат со Тебе оние, што го сакаат името Твое. Оти Ти, Господи, го благословуваш праведникот и со оружјето на милоста Своја го закрилуваш. Господи, не ме карај во јароста Своја и не казнувај ме во гневот Свој. Смилуј се на мене, Господи, оти сум немоќен; исцели ме, Господи, бидејќи коските мои се потресени; и душата моја е возбудена. А Ти, Господи до кога? Обрни се, Господи, избави ја душата моја, спаси ме поради милоста Своја, бидејќи мртвите не Те спомнуваат Тебе; во пеколот кој ќе Те слави Тебе? Се уморив воздивнувајќи; секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзи свои ја натопувам постелата моја. Од скрб ми се помрачи окото мое, остарев поради сите мои непријатели. Отстапете од мене вие сите, кои вршите неправда, оти Господ го чу гласот на мојот плач. Господ ја чу молбата моја, Господ ќе ја прими молитвата моја. Нека се посрамат и уплашат сите мои непријатели; да се повратат и веднаш да се засрамат. Господи, Боже мој, на Тебе се надевам, спаси ме од сите што ме гонат, и избави ме; Да не би некогаш непријателот да посака да ми ја истргне душата; ќе трга, а ќе нема кој да спасува. Господи, Боже мој, ако го направив тоа, ако има неправда во рацете мои; ако зло вратив на оние, кои поради правда ме напаѓаат, тогаш нека отпаднам од непријателите мои; нека ја гони непријателот душата моја, и нека ја стигне, и нека го згази животот мој на земјава, и телото мое во прав нека го претвори. Стани, Господи, во гневот Свој; крени се против жестината на непријателите Твои; стани, Господи, Ти кој заповедаш. И многу народ ќе се собере околу Тебе; и Ти издигни се над него високо. Господ им суди на народите. Суди ми, Господи, според правдата моја и според чистотата моја. Да престане злобата на грешниците, а праведникот исправи го, Ти, Боже, кој ги испитуваш срцата и утробите праведно. Помош очекувам од Бога, Кој ги спасува оние што се со чисти срца. Бог е праведен судија, и силен, и долготрпелив и не се гневи секој ден. Но ако не се покаете, Он ќе го очисти Своето оружје, ќе го затегне својот лак и ќе го насочи, и затега смртна стрела, а стрелите Свои ги вжарува. И, ете, кај безбожникот сѐ повеќе неправда, па се зачна злоба, а тоа роди беззаконие, па си копа и ископа јама, и падна во јамата, што ја направи, и злобата негова му падна на главата негова, а врз неа и неправдата негова слезе. Го прославувам Господа поради правдата Негова и му пеам на Господа Севишниот. Господи, Господи наш, колку е чудесно името Твое по целата земја! Си ја издигнал славата Своја над небесата. Од устата на младенците и доенчињата си ја создал похвалата Своја заради непријателите Твои, за да го срушиш непријателот и одмаздникот. Кога ќе ги погледам небесата, дела на прстите Твои, па месечината и ѕвездите, што си ги поставил Ти: Што е тоа човек, та се сеќаваш на него, или синот човечки, па го посетуваш? Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го венчал, и си го поставил над делата од рацете Твои, и сѐ си потчинил под нозете негови; овците и воловите сите, и ѕверовите полски; птиците небески и рибите морски, сѐ што се движи по морските патишта. Господи, Господи наш, колку е чудесно името Твое по целата земја! Те прославувам Тебе, Господи, со сето срце свои, ги известувам сите чудеса Твои; се радувам и се веселам во Тебе, му пеам на името Твое, Севишни. Кога се вратија непријателите мои, се сопнаа, изгубија сила и погинаа од лицето Твое. Бидејќи донесе пресуда за мене и ме одбрани; седна на престолот Свој, судија праведен. Им запрети на народите и загина нечестивиот; името му го затре за сите векови. Непријателот остана сосема без оружје; градовите Му ги разруши, и погина споменот за нив. Но Господ секогаш живее; го подготвил престолот Свој за суд; Он ќе ѝ суди на вселената по правда, на луѓето ќе им суди право. И ќе му биде Господ прибежиште на сиромавиот, помошник во право време во неволја. Па нека се надеваат на Тебе оние кои го знаат името Твое, бидејќи не ги оставаш оние што Те бараат. Пејте Му на Господа Кој живее на Сион, кажувајте ги на народите делата Негови; бидејќи Он се одмаздува за крв, ја помни; не ги заборава пискотите на неволниците. Смулуј се, Господи на мене; погледај како страдам од непријателите мои, Ти, Кој ме избавуваш од вратата на смртта. За да ги кажувам сите похвали за Тебе пред вратите на ќерката Сионска и да го прославувам спасението Твое. Пропаѓаа народите во јама, што сами ја направија; во замка, која сами ја наместија, се фати ногата нивна. Го познаа Господа, Кој суди; во делата на рацете Негови грешникот се заплетува. Ќе се вратат во пеколот сите грешници, и сите народи, кои Бога Го забораваат. Зашто нема засекогаш да биде заборавен сиромавиот, и надежта на бедните нема никогаш да престане. Стани, Господи, за да не се засили човекот, и народите да примаат суд пред Тебе. Постави, Господи, законоположник над нив, за да разберат незнабожците дека се луѓе. Зошто Господи се оддалечуваш и не сакаш на неволните во право време да им помогнеш? Кога нечесниот се разбесува, ги мачи бедните бездушно, и тие паѓаат во замките негови. Бидејќи грешникот се гордее со желбата на душата своја и одбива да биде благословен. Грешникот го дразни Господа, за многуте негови гревови, вели, дека Он не истражува: нема Бог пред него. Патиштата негови се секогаш криви, а судовите Твои се многу високи, за да мисли на нив, и така над непријателите се гордее. И во срцето свое си вели: нема да минувам од род во род без зло. Устата му е полна со клетви, измами и навреди; под јазикот негов тежина и пропаст. Седи во заседа со богати, потајно убива невини, очите негови демнат бедни. Седи скришум како лав во пештера, со намера да фати беден, и кога ќе фати, го сплетува во својата мрежа. Се смирува, прилегнува и тогаш бедниот паѓа совладан. па вели во срцето свое: Бог заборавил, го свртел лицето свое за да не го види крајот. Стани, Господи, Боже мој, нека се крене раката Тавоја, не ги заборавај за секогаш бедните Твои. Зошто безбожникот Го разгневува Бога, зошто во срцето свое да вели – Бог не испитува? Но Ти гледаш, оти ги забележуваш маките и навредите на бедниот; бедниот Тебе Ти се предава, Тебе Ти се остава сиромавиот и сиракот; биди им помошник. Сотри ја мишката на грешникот и на лукавиот; па да се бара и да не се најде безбожноста негова. Господ е вечен цар, во сите времиња; ќе ги снема народите од земјата Негова. Господи, Ти ги слушаш желбите на бедните; закрепи ги срцата нивни, отвори го увото Свое! Дај правда на сиракот и на смирениот, па да престане човекот на земјата да задава страв. На Господа се надевам, зошто да ѝ речете на душата моја: »Одлетај во гората своја како птица?« Но ете грешниците, го затегнаа лакот, ја притегнаа стрелата своја на тетивата, па од мрак да стрелаат на чистите по срце. Ти што си направил, тие го разрушија; што може праведникот да прави? Господ е во својот свет храм. Господ е на престолот небесни; очите Негови гледаат на сиромавиот, веѓите Негови ги испитуваат синовите човечки. Господ го испитува праведникот, а безбожникот, и оној што сака неправда, ја мрази душата своја. На грешниците ќе пушти дожд од разгорен јаглен, оган и сулфур, а силен ветар ќе им биде дел во чашата нивна. Зашто Господ е праведен, ја сака правдата: лицето Негово ќе го гледаат праведниците. Спаси ме, Господи, зашто не остана праведен, зашто се намалија верните меѓу синовите човечки. Суета му кажуваат секој на ближниот свој; од дволично срце устите зборуваат лага. Нека ги истреби Господ сите соблазниви усти и јазик што се возвеличува; оние што зборуваат: »Јазикот свој ќе го величаме; устата ни е со нас; кој е господар над нас?« »Заради страдањата на сиромасите и офкањата на бедните ќе се кренам сега – вели Господ – ќе го спасам оној, кому сакаат да му напакостат.« Зборовите на Господа се зборови чисти, сребро во оган исчистено од земја, седумпати пречистено. Ти, Господи, ќе нѐ одбраниш и ќе нѐ запазиш од овој род и довека. Нечестивите одат наоколу; според возвишеноста Своја многу си им допуштил на синовите човечки. До кога, Господи, сосема ќе ме забораваш, до кога ќе го одвраќаш лицето Свое од мене? До кога ќе размислувам во душата своја, и ќе жалам во срцето свое дење и ноќе? До кога непријателот мој ќе се издига над мене? Погледај, чуј ме, Господи, Боже мој! Просвети ги очите мои, за да не заспијат некако со сон смртен; да не рече непријателот мој: »го надвив.« Гонителите мои ќе се зарадуваат, ако почнам да премалувам. Јас, пак, се надевав на Твојата милсот; срцето мое ќе се зарадува заради спасението од Тебе; ќе му пеам на Господа, Кој ми направи добрини и ќе го воспевувам името на Севишниот Господ. Рече безумниот во срцето свое: »Нема Бог.« Се развратија луѓето, извршија гнасни дела, нема кој да прави добро. Господ погледна од небесата со внимание кон синовите човечки, за да види, има ли кој Го разбира и Го бара Бога. Сите се застранија, сите станаа лоши, нема кој да прави добро, нема дури ниеден. Зар нема да се вразумат сите, што вршат беззаконие, кои така го јадат народот Мој, како што јадат леб, и кои не го призовуваат Господа. Таму ќе се уплашат тие од страв, каде што нема страв, зашто Господ е во родот на праведните. Вие се подигрувате со сиромашниот, но Господ е негова надеж. Кој ќе му даде од Сион спасение на Израилот? Кога Господ ќе ги врати заробените од Својот народ, тогаш нека се зарадува Јаков, и нека се развесели Израилот. Господи, кој може да престојува во Твоето живеалиште? Кој може дасе настани во Твојата Света Гора? Оној, што оди непорочно, што врши правда и во срцето свое говори вистина. Кој не клевети со јазикот свој, не прави зло на ближниот свој и не го навредува ближниот свој; ништожен е пред него оној што е злобен; Господ ги слави оние, што се бојат од Него; кој кога се колне на својот ближен, не порекнува; кој не го дава среброто свое со лихва и не прима поткуп против невин. Кој така постапува, нема никогаш да се поколеба. Пази ме Господи, зашто на Тебе се надевам. Му реков на Господа: »Ти се Господ мој: моите добра Тебе не ти сѐ потребни.« На светиите, кои се на земјата Негова, им направи многу добрини и сѐ што сакаат да имаат. Се намножија немоќта на оние, што одат кон крвави жртви; јас нема да ги принесувам нивните крвави приливи и со устата своја нема да ги спомнам нивните имиња. Господ е дел на моето наследство и од чашата моја. Ти си Оној Кој го воспоставува наследството мое. Меѓите ми паднаа на најубавото; зашто наследството ми е најубаво. Ќе го благословувам Господа, Кој ме вразумува; па дури и ноќе ме учи мојот внатрешен глас. Секогаш Го гледав пред себе Господа, зашто Он е од мојата десна страна, за да не се поколебам. Заради тоа се возрадува срцето мое, и воскликна јазикот мој; па дури и телото мое ќе почива во надеж, оти Ти нема да ми ја оставиш душата моја во пеколот, ниту, пак, светецот Твој да види распаѓање. Ти ми ги покажа патиштата на животот: со радост ме исполнува Твоето лице; вечно блаженство е во Твојата десница. Услиши ја, Господи, правдата моја, чуј го гласот на молбата моја, прими ја молитвата моја што не излегува од лажлива уста. Од Твоето лице нека излезе судот за мене; очите мои нека ја видат вистината. Ти го искуша срцето мое, ме посети ноќе; со оган ме провери и не најде неправда во мене. Човечки дела нека не зборува устата моја; поради зборовите на устата Твоја чекорев по патиштата тешки. Утврди ги стапките мои на патиштата Твои, за да не ослабнат нозете мои. Кон Тебе викам, зашто Ти ќе ме чуеш, Боже; приклони го увото Свое кон мене, и чуј ги зборовите мои. Покажи ја чудесната милост Твоја, Ти, кој ги избавуваш оние што се надеваат на Тебе – од оние што се противат на Твојата десница. Пази ме како зеница на окото; засолни ме под сенката на Твоите крила, од лицето на нечестивите, кои ме напаѓаат – од непријателите на душата моја, што ме опкружуваат: тие срцето свое го затворија, наоколу со устата своја – гордо зборуваат. Гонејќи ме, сега ме опколуваат; тие ги управија очите свои, за да ме соборат на земја; тие се како лав, подготвен за лов и како лавче, кое стои во потајни места. Стани, Господи, пресретни ги и обори ги; спаси ја душата моја со Својот меч од нечестивиот; од оние, Господи, кои ги има малку на земјата – раздели ги во нивниот живот, и од она што е сокриено Твое ќе се наполни стомакот нивни; откако се наситија синовите нивни, од вишокот оставија и за децата свои. А јас пред лицето Твое ќе се покажам во правда, ќе се наситам кога ќе ми се покаже славата Твоја. Ќе Те возљубам, Господи, крепост моја! Господ е моја тврдина и прибежиште мое, мој избавител, Бог мој, помошник мој; и ќе се надевам на Него; Он е мој заштитник, сила на спасението мое и заштитник мој. Ќе Го призовувам и ќе Го прославувам Господа, и ќе се спасам од непријателите свои. Смртни маки ме обзедоа, и потоци од беззаконија ме вознемирија; пеколни болести ме опколија, смртини стапици ме стегнаа. Во притеснение Го повикав Господа и кон мојот Бог извикав. И Он од Својот свет храм го чу гласот мој, и мојот вик стигна до Неговиот слух. Се затресе и се разниша земјата; затреперија и од темел се поместија горите, зашто Господ се разгневи; се крена дим од гневот Негов и од лицето Негово оган пламна; кој проголтува си; разгорени јаглења отскокаа од Него. Ги приклони Он небесата и слезе, – а мрак падна под нозете Негови. И седна на херувими, па полета и се понесе на ветерните крилја. Од мракот направи Свој заклон, и сенка околу Себе – темна вода во воздушните облаци. Од молскање бегаа од Него облаците, градот и огнените јаглења. И загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас: град и разгорени јаглења. И ги пушти стрелите Свои и ги распрсна, ги умножи молњите – и ги растури. И се појавија извори водни, и се открија основите на вселената од страшниот глас Твој, Господи, од здивот на гневот Твој. Он посегна од висините, и ме прифати, па ме извлече од многуте води. А ќе ме избави од силните мои непријатели и од оние кои ме мразат, од оние што се посилни од мене. Тие се кренаа против мене во денот на мојата несреќа, но Господ беше потпора моја. Ме изведе Он на пространо место и ме избави, зашто ме засака. Ми воздаде Господ според мојата правда, и според чистотата на моите раце ме вознагради, зашто ги запазив патиштата на Господа и не се оддалечив од мојот Бог; оти сите заповеди Негови се пред мене, и наредбите Негови не ги отстранив од себе. Ќе бидам непорочен пред Него и ќе се пазам од беззаконија. И ќе ми воздаде Господ според мојата правда, и по чистотата на рацете мои пред очите Негови. Со светиите Ти постапуваш свето, со невин човек – си благ, со чистиот – чисто, а со лукавиот – според неговото лукавство, зашто Ти ги спасуваш угнетените и гордите ќе ги понизиш. Оти Ти го осветлуваш моето светило, Господи; мојот Бог ја осветлува темнината моја; Ти ќе ме избавиш од искушенијата, и со мојот Бог, и ѕид ќе прескочам. Бог мој, непорочен е Неговиот пат, Господовите зборови со оган се пречистени; Он е заштитник на сите, кои се надеваат на Него. Зашто, кој е Бог, освен Господа, и кој е Бог освен нашиот Бог? Бог е Оној Кој ме препашува со сила и ми поставува непорочен пат; ми ги прави нозете како на елен и ме поставува на височини; ми ги обучува рацете за борба, и мускулите мои ги прави да затегнуваат бакарен лак. Ти ми даде заштита за моето спасение, Твојата десница ме прифати, и Твоето воспитување ме исправи до крај; и тоа ќе ме научи. Ти ги рашируваш чекорите мои под мене, и нозете мои не се заморуваат. Ќе ги гонам непријателите мои и ќе ги стигнам, и не се враќам, додека не ги победам; ќе ги притиснам, и тие не ќе можат да опстанат, ќе паѓаат под нозете мои, зашто Ти ме препаша со сила за борба и ги покори пред мене оние, што станаа против мене; Ти ги натера во бегство непријателите мои, и ги истреби сите оние, што ме мразат; тие повикаа, но нема кој да ги спаси: и кон Господа, – но Он не ги чу; ќе ги иситнам како прав на ветар, ќе ги газам како кал по патиштата. Ќе ме избавиш од народ бунтовен, ќе ме поставиш за поглавар над народ, чии луѓе не познавав, и тие сега ќе ми служат; само по слух за мене ме слушаат туѓинците и ми се покоруваат; туѓинците бледнеат и треперат, излегувајќи од своите градови. Жив е Господ, и нека е благословен мојот Бог! И нека се превознесува Бог на моето спасение. Бог, Кој одмаздува за мене, Кој ми ги покорува народите, Избавител од моите гневни непријатели! Ќе ме возвисиш над оние, што стануваат против мене, и ќе ме избавиш од човек неправеден. Поради тоа Те исповедам преднародите, Господи, и ќе го воспевувам името Твое; Ти Кој величествено го спасуваш царот Свој иму правиш милост на Твојот помазаник Давида и на потомството негово – довека. Небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови известува сводот небески. Ден на денот објавува, и ноќ на ноќта знаење открива. Нема јазик, ниту, пак, говор, во кој не се слуша нивниот глас. Нивниот звук се разнесува по целата земја, а нивните зборови до краиштата на вселената. На сонце го поставил Своето живеалиште; и излегува како младоженец од брачното легло, се радува како исполин, минувајќи по патот свој: од крајот на небесата е излезот негов, и патувањето негово до другиот крај; ништо не е сокриено од топлината негова. Непорочен е законот на Бога – душите ги укрепува; верно е откровението на Господа – ги учи припростите, и Господовите повелби се праведни – го веселат срцето; Господовата заповед зрачи светлина; ги просветлува очите. Стравот Господов е чист – пребива довека; судовите Господови се вистина – сите се праведни; поскапи се од злато и од скапоцени камења – послатки се од восочен мед. Слугата Твој ги пази; а кој ги пази голема награда добива. Кој може да ги согледа своите грешки? И од оние тајни очисти ме, и од туѓите запази го слугата Твој, за да не овладеат со мене. Тогаш јас ќе бидам непорочен и ќе бидам очистен од големите престапи. Зборовите на устата моја и помислите на срцето мое нека бидат благоугодни пред Тебе, Господи, помошнику мој и избавителе мој! Нека те услиши Господ во тежок ден, да те заштити името на Бога Јаковов. Да ти испрати помош од Светилиштето и од Сион да те поткрепи. Нека си спомни за секоја твоја жртва; и сепалениците твои да бидат примени. Да ти го даде Господ и она што ти срце сака; и сите твои помисли да ги исполни. Ќе се зарадуваме на твоето спасение и во името на нашиот Бог ќе се издигнеме. Да ги исполни Господ сите твои молби. Сега знам дека Господ го спасува Својот помазаник, го слуша од светите Свои небеса; спасението е во силата на Неговата десница. Едни – со коли, други – со коњи, а ние со името на Господа, нашиот Бог, се фалиме: тие се препнаа и паднаа, а ние се кренавме и стоиме прави. Господи, спаси го царот и услиши нѐ кога Ти се молиме! Господи, со Твојата сила ќе се весели царот и за спасението од Тебе безмерно ќе се радува. Ти му даде, она што срцето негово посака, и молбата на устата негова не ја отфрли, зашто Ти го пресретна со добри благослови, му возложи на главата венец со скапоцени камења. Тој побара од Тебе живот, а Ти му даде долголетие во веки веков. Голема е славата негова поради спасението од Тебе; Ти го покри со чест и величие. Ќе положиш на него вечен благослов, развеселувајќи го со радоста на лицето Твое, зашто царот се надева на Господа и во милоста на Севишниот не се сомнева. Раката Твоја ќе ги најде сите Твои непријатели, десницата Твоја ќе ги најде сите што Те мразат. Кога ќе се разгневиш, ќе ги направиш како огнена печка; гневот Господов ќе ги погуби, и оган ќе ги проголта. Ти ќе го уништиш плодот нивни од земјата, и семето нивно – меѓу човечките синови, зашто смислија против Тебе зло, се договорија, но не можеа ништо да направат. Ти ќе ги поставиш како цел, а од Твоите лакови ќе пуштиш стрели во лицето нивно. Издигни се, Господи, со Твојата сила: ние ќе ја воспеваме и ќе ја прославуваме Твојата моќ. Боже мој, Боже мој, почуј ме; зошто ме остави? Далеку се од спасението мое зборовите со кои паѓам во грев. Боже мој! Те призивам дење – и Ти не слушаш, и ноќе – и нема мир за мене. Но Ти живееш во Светилиштето Свое – опкружен со пофалби од Израилот. На Тебе се надеваа татковците наши; се надеваа и Ти ги избави; кон Тебе викаа, и се спасуваа; на Тебе се надеваа, и не се посрамија. Јас сум црв, а не човек, потсмев за луѓето и презир во народот. Сите, што ме гладаа, ми се подбиваа; нишајќи ги главите, велеа: »Тој се надеваше на Господа, нека го избави, нека го спаси, ако Му е угоден.« Но Ти ме подигна од утробата, стана надеж моја преку млекото мајчино. Кон Тебе сум приврзан уште од зачнувањето мое; од утробата на мајката моја Ти си мој Бог. Не отстапувај од мене, зашто неволјата е близу, а нема кој да ми помогне. Многу телиња ме обиколија, дебели јунци ме опкружија, ја отворија устата против мене како лав, кој го раскинува својот плен и рика. Јас се разлеав како вода; сите мои коски се разглобија, срцето мое стана како восок, се топи во моите гради. Силата моја се исуши како цреп, јазикот ми се залепи за непцата, во смртоносен страв ме фрли. Кучињата многу ме опколија, цела чета од злочинци се врти околу мене; ми ги пробија рацете и нозете. Се броеја сите коски мои, а тие гладаа и ме презираа; ги разделија меѓу себе алиштата мои и за облеката моја фрлија жреб. Но Ти, Господи, не оддалечувај се од мене! Сило моја! Побрзај ми на помош! Избави ја од меч душата моја, и од пците еднородната моја; Запази ме од устите лавовски и од роговите на еднорогите, спаси ја мојата смиреност. Ќе го објавувам името Твое на браќата свои, сред собранието ќе Те фалам. Вие, што се плашите од Господа, восфалете Го. Целото семе Јаковово нека Го прославува; нека се бои од Него целото семе Израилево, зашто Он не ја презре ниту ја одби молитвата на страдалникот, не го сокри лицето Свое од мене, а ме послуша кога Те повикав. За Тебе е похвалата моја, во великото собрание; ќе ги исполнам ветувањата свои пред оние што се плашат од Него. Ќејадат сиромасите и ќе се најадат, ќе го фалат Господа оние што Го бараат; ќе живеат срцата нивни довека! Ќе се сетат и ќе се обрнат кон Господа сите земни краишта, и ќе се поклонат пред Тебе сите племиња на народите, зашто царството е на Господа, и Он е владетел над народите. Ќе јадат и ќе се поклонат сите силницина земјата; пред него ќе паднат сите што слегуваат во земјата. А душата моја ќе живее за Него. Потомството мое ќе Му служи и ќе се наречува Господово довека; тоа ќе им ја соопштува на луѓето, што ќе се родат, правдата Негова, зашто сето тоа Господ го создал. Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува, Он ме пасе на плодни пасишта и ме води на тихи води, ја поткрепува душата моја, ме води по патот на правдата заради името Свое. Кога би тргнал и по долината на смртна сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезал и Твојата палка ме успокојуваат. Си приготвил пред мене трпеза на очиглед на непријателите мои, си ја помазал главата моја со елеј; и чашата твоја ме напојува со блаженство. И милоста Твоја така да ме придружува преку сите денови на мојот живот, и јас ќе престојувам во домот Господов многу дни. Господова е земјата и она што ја исполнува вселената е сѐ што живее на неа, зашто Он ја основа врз морињата, и на реки ја утврди. Кој може да излезе на гората Господова и кој ќе застане на Неговото свето место? Оној, чии раце се невини и чие срце е чисто, кој не се колнел во душата своја напразно и не го спомнувал лажливо името Господово пред ближниот свој, – тој ќе добие благослов од Господа и милост од Бога, Својот Спасител. Таков е родот на оние што Го бараат Господа, кои Го бараат Бога Јаковов! Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се, вечни порти, и ќе влезе Царот на славата! Кој е тој Цар на славата? – Крепкиот и силниот Господ, силниот во војна Господ. Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се, вечни порти, и ќе влезе Царот на славата! Кој е Царот на славата? – Господ над војските – Он е Цар на славата! Ког Тебе, Господи, ја издигнувам душата своја. Боже мој, на Тебе се надевам, да не се посрамам довека, да не ме исмејуваат непријателите мои, да не се засрамат оние што се надеваат на Тебе; да се посрамат оние, што вршат беззаконија без причина. Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои. Упати ме кон Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; на Тебе се надевам секој ден. Спомни Си ги штедростите Твои, Господи, и милостите Твои, зашто се вечни. Гревовите на младоста моја и незнаењето мое не ги споменувај; по милоста Своја сети се на мене, заради Твојата доброта, Господи! Благ и праведен е Господ, грешниците ги изведува на пат, ги упатува кротките кон правда и ги учи кротките на Своите патишта. Сите патишта Господови се милост и вистина за оние, кои го пазат заветот Негов и откровението Негово. Заради Твоето име, Господи, прости ми го гревот мој, зашто е голем. Кој човек е тој што се плаши од Господа? Нему Он ќе му покаже кој пат да избере. Неговата душа ќе почива во добро, неговото семе ќе ја наследи земјата. Близок им е Господ наоние што се плашат од Него; ним им го открива заветот Свој. Очите мои секогаш се кон Господа, зашто Он гивади од стапица нозете мои. Погледни на мене и смилуј се на мене, зашто сум самотен и во мака. Скрбите на срцето мое се умножија; извади ме од неволјите мои. Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои. Погледај ги моите непријатели, колку многу се намножија и колку многу ме мразат. Запази ја душата моја и избави ме, за да не се посрамам, зашто на Тебе се надевам. Непорочноста и правдата нека ме учат, зашто на Тебе се надевам, Господи. Избави го, Боже, Израилот од сите невојли негови. Суди ме, Господи, бидејќи одев непорочно и, надевајќи се на Господа, нема да се поколебам. Искушај ме, Господи, испитај ме; отвори ги утробата моја и моето срце. Твојата милсот е пред очите мои, а јас одам во Твојата вистина, со луѓе суетни не седев и со престапници на законот Твој нема да отидам; го намразив собиралиштето на злонамерните; со нечестивите нема да седнам; ќе ги мијам рацете свои во невиноста и ќе го заобиколувам жртвеникот Твој, Господи, за да ја разгласувам похвалата Твоја и да ги раскажувам сите Твои чудеса. Господи, го засакав живелиштето на Твојот дом и местото каде што пребива и славата Твоја. Не погубувај ја душата моја со грешници и животот мој со луѓе крвници, во чии раце има беззаконие, чија десница е полна со поткупи. Јас, пак, одам во својата непорочност, избави ме, Господи, и помилуј ме. Ногата моја стои на прав пат, во собранијата ќе Те благословувам, Господи. Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се бојам? Господ е крепост на мојот живот, од кого ќе се плашам? Кога се приближија до мене злобни противници и непријатели, за да го изедат телото мое, ослабнаа, се сопнаа, и паднаа. И полк да се крене против мене, нема да се исплаши срцето мое; дури и цела војска да се дигне против мене, и тогаш ќе се надевам на Него; само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да го посетувам Неговиот свет храм, зашто во злочест ден Он би ме сокрил во Својата скинија, би ме сокрил под покривот на своето живеалиште; би ме искачил на карпа. Тогаш главата моја ќе се издигне над непријателите што ме опкружуваат; и јас ќе принесам во скинијата Негова жртва поради радоста, па ќе пеам и ќе го фалам Господа. Чуј го, Господи, гласот мој, бидејќи кон Тебе викам помилуј ме и услиши ме. Срцето мое ги повторува Твоите зборови: – Барај го лицето Мое; и јас го барам лицето Твое, Господи. Не сокривај го од мене лицето Свое; не го одбивај во гневот слугата Твој. Биди мој помошник; не отфрлувај ме и не ме оставај, Боже, Спасителе мој! Зошто татко ми и мајка ми ме оставија, но Господ ме прими. Научи ме, Господи, на Твојот пат и упати ме по патеката на правдата, поради непријателите мои; не ме предавај на своеволноста на непријателите, зашто востанаа против мене лажни сведоци и дишат злоба. Но јас верувам, дека ќе ја видам Господовата благост во земјата на живите. Надевај се на Господа, биди мажествен; нека е цврсто срцето твое; надевај се на Господа. Кон Тебе, Господи, викам: не биди безгласен кон мене, та да не заприлегам при Твоето молчење на оној што слегува во гроб. Чуј го гласот на молитвите мои, кога Ти се молам, кога кревам раце кон Твојот свет храм. Не вбројувај ме меѓу нечестивци и злосторници, кои со ближните свои говорат за мир, а во срцето имаат зло. Подај им, Господи, според нивните дела, според нивните лоши постапки; според делата на нивните раце, подај им го она што го заслужиле. Зашто не ги разбраа делата на Господа, ниту делата на рацете Негови; Он ќе ги сосипе и нема да ги подигне. Благословен Господ, зашто Он го чу гласот на молитвите мои. Господ е крепост моја и штит мој; на Него се надеваше срцето мое и Он ми помогна; затоа се зарадува срцето мое и Јас ќе го прославувам со сето мое срце. Господ е крепост на Својот народ и заштитник за спасението на Својот помазаник. Спаси го народот Свој и благослови го наследството Твое; паси ги и издигај ги довека! Принесете Му на Господа, синови Божји, принесете Му на Господа јаганца, принесете Му на Господа слава и чест, принесете Му слава на Господа и на името Негово, поклонете Му се на Господа во Неговиот свет двор. Гласот Господов е над водите; Бог на славата загрми, Господ е над многу води. Гласот Господов е во силата, гласот Господов е во велелепието. Гласот Господовкрши кедри; ќе ги скрши Господ кедрите ливански, и направи како теле да потскокнува Ливан, а Сирион – како младо биволче. Гласот Господов сече како огнен пламен. Гласот Господов ја потресува пустињата; ќе ја затресе Господ пустињата Кадес. Гласот Господов ги ослободува бремените кошути и ги оголува горите; и во храмот Негов секој ја возвестува славата Негова. Господ седи на престолот над потопот, и ќе седи Господ како цар довека. Господ ќе му даде сила на Својот народ, Госод со мир ќе го благослови народот Свој. Ќе Те вознесувам, Господи, затоа што ме прифати и не допушти непријателите мои да се радуваат над мене. Господи, Боже мој, повикам кон Тебе, и Ти ме исцели. Господи, Ти ја изведе душата моја од пеколот и ме спаси од оние што слегуваат во гроб. Пејте Му на Господа, праведници Негови, и исповедајте Го, сеќавајќи се на Неговата светост, зашто гневот Му е во јароста Негова, а животот – во милоста Негова: навечер настанува плач, а изутрина голема радост. И јас си реков во изобилието мое: »Нема да се поколебам довека.« Господи, според волјата Твоја подај ѝ на добрината моја сила; но Ти го сокри лицето Свое, и јас се збунив. Тогаш кон Тебе, Господи, повикав и не мојот Бог, му се помолив: »Каква полза од крвта моја, кога ќе слезам во гроб? Ќе ја исповеда ли правот, ќе ја објави ли тој вистината Твоја?« Ме услиши Господ, и ме помилува, и Господ стана помошник мој. Ти ја претвори тагата моја во радост, го симна од мене костретот и ме препаша со веселба, за да Те слави душата моја и да не замолкнам; Господи, Боже мој, вечно ќе те славам! На Тебе, Господи, се надевам, за да не се посрамам довека; поради правдата Своја спаси ме и очисти ме. Приклони го увото Твое кон мене, побрзај да ме избавиш. Биди ми Бог заштитник и прибежиште, за да се спасам. Зашто Ти си крепост моја и прибежиште мое, заради името Твое поведи ме и управувај со мене. Изведи ме од оваа стапица, која потајно ми ја поставија, зашто Ти си мој заштитник. Во Твоите раце го предавам духот свој; Ти си ме спасувал, Господи, Боже на вистината. Не ти се мили оние што пазат суетни работи, но јас се надевав на Господа. Ќе се радувам и ќе се веселам поради Твојата милост, зашто Ти погледна на смиреноста моја и ја спаси од мака душата моја, и не ме предаде во рацете не непријателите мои; нозете мои ми ги постави на чистина. Помилуј ме, Господи, зашто сум притеснет од скрб: се помрачија во јароста окото мое, душата моја и утробата моја. Премале од жал животот мој, и годините мои – од воздишки; изнеможе силата моја, и страв во коските мои ме опфати. Пред сите непријатели мои станав за прекор, дури и пред соседите мои, а и плашило за познатите мои; оние што ќе ме видат на пат, бегаат од мене. Заборавен како мртовец сум во срцата на луѓето; станав како скршен сад, бидејќи чув дека мнозина околу мене погубно шетаат, и кога ќе се соберат заедно, се договораат и душата моја да ми ја одземат. Јас, пак, се надевам на Тебе, Господи, и си реков: Ти си мој Бог. Дните мои се во Твоите раце; избави ме од рацете на непријателите мои и од гонителите мои. Нека засветлилицето Твое над слугата Твој; спаси ме со Твојата милост. Господи, не допушти да се посрамам, поради тоа што кон Тебе повикав; нечестивите нека се посрамат и нека замолкнат во пеколот. Да онемеат лажливите усти, што говорат лошо против праведникот со гордост и презрение. Колку е голема добрината Твоја, Господи, што си ја запазил за оние, кои се бојат од Тебе, и што си ја приготвил за оние, кои се надеваат на Тебе пред синовите човечки! Ќе ги сокриеш под покривот на лицето Свое од човечките возбуди, ќе ги заклониш од нападите на јазиците противнички. Нека е благословен Господ, зашто ја пројави кон мене Својата чудесна милост во утврдениот град! Во малодушноста своја си реков: отфрлен сум од очите Твои; но Ти ги услиши гласот на молитвата моја, кога повикав кон Тебе. Сакајте Го Господа, сите праведници Негови, зашто Господ бара вистина и им отплатува на оние, кои премногу гордо постапуваат. Вие сите бидете силни инека крепне срцето ваше што се надевате на Господа! Блажени се оние, чии беззаконија им се простени, и чии гревови се покриени! Блажен е оној човек, на кого Господ не му зема за грев, и во чија уста нема лукавство! Затоа што замолкнав, се исушија коските мои од секојдневното мое воздишување, бидејќи и дење и ноќе тежеше над мене раката Твоја, копнеев како на летен припек. Но јас го познав гревот мој и не го сокрив беззаконието свое, па реков: »Ќе ги исповедам на Господа моите престапи,« и Ти ми го прости гревот мој. Затоа секој праведник нека Ти се помоли навреме, и тогаш притисокот од многуте води нема да го достигне. Ти си мое прибежиште од маката со која сум опкружен; радост моја голема, спаси ме од оние кои ме опколија. »Ќе те вразумам,« – вели Бог – »ќе ти го покажам патот, по кој да одиш; ќе ги управувам очите Мои на тебе.« »Не бивајте како коњ или како маска, кои немаат разум, чија челуст со узда и оглавник се скротува за да ти се покоруваат.« Многу маки ќе го снајдат грешникот, но оној кој се надева на Господа, него милост ќе го опкружува. Веселете се во Господа и радувајте се, праведници: радувајте се сите кое сте со чисти срца. Радувајте се, праведници, во Господа: на праведниците им прилега похвала. Славете Го Господа со гусли, пејте Му на псалтир со десет жици, пејте Му нова песна; пејте Му силно и со восклик, зашто словото на Господа е право, и сите дела Негови се вистински. Он сака милостиња и суд преведен; со милоста Господова е исполнета земјата. Преку словото на Господа се зацврстија небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни. Он ги собира како во мев морските води; бездните ги става во сокровишта. Нека се бои од Господа целата земја; нека треперат пред Него сите жители во вселената, зашто Он рече и тие настанаа; Он заповеда и се создадоа. Господ ги руши помислите на незнабошците, ги спречува намерите нивни и ги сопира помислите на кнезовите. А замислата Господова вечно постои; мислите на срцето Негово преминуваат од род во род. Блажен е оној народ, на кој Господ му е Бог, и луѓето, кои Он ги избрал за наследството Свое. Од небесата погледа Господ, ги виде сите синови човечки; од престолот, на кој седи, погледна на сите, кои живеат по земјата: Он, Кој на сите нимим ги создал срцата, ги знае сите дела нивни. Не го спасува царот голема војска; голема сила ни исполинот нема да го спаси. Несигурен е коњот за спасување, со глемата сила своја не може никогаш да се избави. Но, ете, очите Господови се врз оние, кои се бојат од Него и кои се надеваат на милоста Негова, дека Он ќе ја спаси душата нивна од смрт и во време на глад ќе ги прехрани. Душата наша се надева на Господа: зашто Он е наш помошник и наш заштитник, зашто во Него ќе се весели срцето наше; оти на името Негово свето се надеваме. Милоста Твоја нека биде над нас, Господи, онака како што Ти се надеваме. Ќе го благословувам Господа во секое време; похвала за Него секогаш има во мојата уста. Со Господа ќе се фали душата моја! Нека го чујат тоа кротките и нека се зарадуваат. Возвеличете Го Господа со мене, и заедно да го превознесуваме името Негово. Го побарав Господа, и Он ме чу и од сите опасности мои ме избави. Пристапете Му и ќе се просветите, и лицата ваши нема да се посрамат. Кога несреќниот вика, – Господ го услишува и го спасува од сите негови беди. Ангел Господов застанува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува. Вкусете и ќе видите, колку е благ Господ! Блажен е оној човек, кој на Него се надева! Бојте се од Господа, сите праведници Негови, зашто ништо нема да им недостига на оние кои се плашат од Него. Осиромашеа и огладнеа богатите, а оние што Го побараа Господа, не ќе бидат лишени од секакви добра. Дојдете, чеда, послушајте ме: јас ќе ве научам да се боите од Господа. Сака ли човек да живее и да види добри денови, нека си го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги, нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по него. Очите на Господа се обрнати кон праведниците, и ушите Негови – кон молитвите нивни. Но лицето на Господа и против оние што вршат зло; ќе го истреби од земјата споменот за нив. Повикаа праведниците, и Господ ги услиши и ги спаси од сите маки нивни. Блиску е Господ до оние со скрушено срце, и смирените по дух ќе ги спаси. Бројни се маките на праведниците, но од сите нив Господ ќе ги избави. Господ ги чува сите коски нивни; ниедна од нив нема да се строши. Зла смрт го снаоѓа грешникот, а оние, што го мразат праведниот, ќе загинат. Господ ќе ги спаси душите на слугите Свои, и никој од оние, кои се надеваат на Него, нема да погрешат. Пресуди им, Господи, на оние кои ме навредуваат, и собори ги оние што се борат против мене; земи оружје и штит и дојди ми на помош; извади го мечот и пресретни ги гонителите мои; кажи ѝ на душата моја: »Јас сум спасение Твое!« Да се постидат и засрамат оние што ја бараат душата моја: нека се повратат и нека се посрамат, оние што ми мислат зло; нека бидат како прав пред ветрот, и Ангел Господов да ги прогонува, патот нивни нека биде темен и лизгав, и Ангел Господов да ги прогонува, бидејќи без вина поставија тајна мрежа за моја пропаст, без вина ја навредија душата моја. Нека дојде врз нив замка што не ја знаат и мрежата нивна, што ја поставија за мене, да ги улови самите нив; нека се сплеткаат во неа и нека загинат. А мојата душа ќе се радува во Господа, ќе се весели поради спасението од Него. Сите коски мои ќе речат: »Господи, кој е подобен на Тебе, Кој спасуваш слаб од силен, беден и сиромав од грабителите нивни?« Се кренаа против мене неправедни сведоци: и за она што не го знам ме сослушуваат; ми враќаат зло за добро, и душата моја останува осамена. А кога ми додеваа, јас се облекував во кострет, ја истоштував душата моја со пост, и молитвата ми се враќаше во градите мои. Постапував така, како тој да беше ближен мој, мој брат; одев тажен со наведната глава; како оној што е загрижен и нажален, така се смирував. А тие се зарадуваа и се собраа против мене, ми задаваа рани, а да не знам зошто, ме кинеа и не престануваа; ме доведоа до искушение, ми се потсмеваа многу и со забите свои крцкаа против мене. О, Господи, кога ќе го погледаш тоа? Оттргни ја душата моја од нивните злодела, мојата осамена душа – од тие лавови. Ќе Те прославувам, Господи, на големо собрание, меѓу многуброен народ ќе Те восфалувам; не допушти да се зарадуваат над мене оние, кои ми се непријатели без причина, кои ме мразат без вина и намигнуваат со очите. Зашто за мир ми зборуваа тие, а во лутината своја смислуваа измами. Ги отворија устите свои против мене, велејќи: »Добро! Добро! Очите наши видоа.« Ти виде Госоди, немој да премолчиш; Господи, не отстапувај од мене! Стани, разбуди се поради мојата правда, о Боже мој и Господи мој! Пресуди ми според Твојата правда, Господи, Боже мој, та да не ликуваат оние над мене; за да не речат во срцето свои: »Добро, добро за душата наша!« и да не кажат: »го проголтавме.« Нека се постидат и засрамат сите, кои се радуваат на мојата несреќа; да се облчат во срам и позор, оние што се гордеат над мене. Нека се зарадуваат и нека се развеселат, оние што ја сакаат мојата правда, и непрестајно нека велат: да се возвеличи Господ, Кој му пожелува мир на Својот слуга! И јазикот мој ќе зборува за правдата Твоја и за Твојата похвала секој ден. Беззаконикот зборува во себеси – дека греши, нема страв Божји пред очите негови, зашто тој се залажува себеси, место да го увиди своето беззаконие и да го намрази; зборовите на устата негова се неправда и лукавство; тој не сака да се вразуми, и да врши добро; на леглото свое си помислува беззаконие, поаѓа на лош пат, од зло не се гнаси. Господи, Твојата милост е на небесата, Твојата вистина – до облаците! Твојата праведност е како горите Божји, а судовите Твои како голема бездна! И луѓе и добиток ќе спасиш Ти, Господи! О колку обилно си ја пројавил Твојата милост, Боже! Синовите човечки ќе се надеваат под Твојата закрила; тие ќе се наситат од изобилието на Твојот дом, и од потокот на Твојата красота ќе ги напојуваш; зашто во Тебе е изворот на животот: во Твојата светлина ќе гледаме светлина. Покажи ја милоста Своја кон оние кои Те познаваат, и правдата Своја кон оние со чисто срце; да не ме згази ногата горда, и раката на грешникот да не ме поколеба. Таму паднаа они, што вршат беззаконие; соборени се и не можат веќе да станат. Не жести се поради злобниците и не завидувај им на оние што вршат беззаконие, зашто тие ќе се исушат како трева, и како зелено растение набргу ќе свенат. Надевај се на Господа и прави добро; живеј на земјата и таа ќе те храни изобилно. Утешувај се со Господа, и Он ќе ти даде срцето срцето твое што ќе посака. Откриј го патот свој пред Господа и на Него надевај се и Он ќе изврши сѐ; и ќе ја изведе правдата твоја како светлина, и справедливоста твоја – како пладне. Покори Му се на Господа и моли Го усрдно. Не жести се на оној, кој успева на патот свој, на човек кој врши беззаконие. Престани да се гневиш и остави ја јароста, не жести се толку многу – самиот да не правиш зло, зашто оние, што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господа, ќе ја наследат земјата. Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш. А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир. Грешникот ќе демнее на праведниот и ќе чкрта со забите против него, но Господ ќе го измее, зашто однапред гледа, дека му се ближи крајот. Грешниците ги вадат мачевите, го оптегнуваат лакотсвој, за да го кутнат бедниот и сиромавиот, за да ги прободат оние, што се со чисто срце. Но мечот нивни нека се забие во нивното срце, и лаковите нивни нека се скршат. Малото богатство кај праведниот е многу подобро отколку големото богатство на грешниците. Зашто мишките на грешниците ќе спласнат, а на праведниците Господ им ги поткрепува. Господ ги знае патиштата на непорочните; и нивното наследство ќе биде вечно: во зло време нема да бидат посрамени и во деновите на глад ќе бидат сити; зашто грешниците ќе загинат, и непријателите Господови ќе ги снема заедно со нивната слава и величие; ќе исчезнат како дим. Грешникот зема на заем и не може да врати, а праведникот е милостив и дава, зашто оние, кои Господа Го благословуваат, ќе ја наследат земјата, а кои Го проколнуваат, ќе бидат истребени. Господ ги зацврстува стапките на човекот и мили Му се неговите патишта: кога треба да падне, нема да се разбие, зашто Господ ќе го држи. Бев млад, веќе остарев, и не видов оставен праведник ниту потомците негови леб да просат; тој секој ден знае да се смилува и на заем да дава, и потомството негово ќе биде благословено. клони се од зло и прави добро, па ќе живееш вечно; зашто Господ ја сака правдата и не ги остава праведниците Свои; нив вечно ќе ги чува. А беззакониците ќе бидат исфрлени и потомството на безбожниците ќе биде истребено. Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно. Устата на праведникот кажува мудрост, а јазикот негов изговара правда. Законот на неговиот Бог е во срцето негово; стапките негови нема да се сопнат; грешникот го демне праведникот и бара да го убие; но Господ нема да го предаде во негови раце и нема да го осуди, кога ќе биде суден. Надевај се на Господа и пази ги Неговите патишта; Он ќе те воздигне, за да ја наследиш земјата; и ќе го гледаш истребувањето на грешниците. Видов страшен безбожник, кој се превознесуваше и издигаше како кедрите ливански. Поминав и, ете, го нема; го побарав, и не го најдов. Чувај ја незлобивоста и пази ја правдата, зашто наследството на таков човек е мир; а безбожниците сите ќе бидат истребени, нивното наследство ќе се затре. Спасението, пак, на праведниците доаѓа од Господа и Он е нивни заштитник во тешко време; и ќе им помага Господ и ќе ги избави; ќе ги одбере од грешниците и ќе ги запази, зашто на него се надеваат. Господи, во јароста Своја не карај ме и во гневот Свој не казнувај ме, зашто стрелите Твое се забија во мене, и Твојата рака тежи врз мене, За телото мое нема лек од Твојот гнев; во коските мои нема мир од гревовите мои; зашто беззаконијата мои ја надвишија главата моја, како тешко бреме ме притиснаа. Смрдат и гнијат раните мои поради безумието мое. Настрадав и се стопив сосема, цел ден натажен одам; бидејќи одвнатре горам од оган, нема лек за телотомое. Озлобен сум и прекумерно понизен; рикав поради воздишките на срцето Мое. Господи, пред Тебе сесите мои желби, и мојата воздишка не е сокриена од Тебе. Срцето ми се возбуди, и ме напушти силата моја, и светлината на очите мои, – и неа ја нема во мене. Моите пријатели и моите ближни се приближија и не се доближија; застанаа подалеку од мене, а оние што ја бараа душата моја, зборуваа лошо и без основа и секој ден кроеја сплетки; а јас, пак, како глув не слушав и сум како нем, кој не ја отвора устата своја; станав како човек, што не слуша и што во устата своја нема прекор, зашто на Тебе, Господи, се надевав; Ти ќе ме услишиш, Господи, Боже мој. Оти си реков: да не се погордеат над мене моите непријатели; и кога ми се поколебаа нозете мои, тие изговорија лоши зборови над мене. Готов сум да паднам, и јадот мој секогаш е пред мене. Беззаконието свое го признавам и ќе се смирувам поради гревот мој. А непријателите мои живеат и сѐ посилни стануваат од мене, и се намножија оние што неправедно ме мразат, па враќајќи ми зло за добро, бидејќи бев за правда, тие ме отфрлија како мртовец. Не оставај ме, Господи, Боже мој, не отстапувај од мене; побрзај да ми помогнеш, Господи, Спасителе мој! Си реков: ќе пазам на патиштата мои, за да не згрешам со јазикот свој; се погрижив устата моја да е претпазлива додека е грешникот пред мене. Онемев и се смирив, и замолкнав дури и за доброто; и јадот мој се обнови. Пламна срцето мое во мене и додека размислувам оган ќе се разгори во мислите мои. Проговорив со јазикот свој: кажи ми го, Господи, мојот крај, и колкав е бројот на моите дни, за да знам колку сум ништожен. Ете, Ти си ми дал дни колку една педа, и векот мој е како ништо пред Тебе. И навистина, сѐ е суета, секој човек што живее. Навистина, човек оди како сенка и залудно се возбудува; собира богатство, а не знае кому ќе му го остави. И сега што да очекувам? Зар надежта моја не е во Тебе, Господи? Спаси ме од сите беззаконија; си допуштил да бидам поруга на безумниот. Занемев и не ја отворив устата, зашто Ти ме создаде. Отстрани ги од мене ударите Твои, изнемоштувам од Твојата силна рака. Преку казни заради беззаконија си го воспитал човекот и душата негова си ја расточила како пајажина. И залудно се возбудува секој човек. Услиши ја, Господи, молитвата моја и почуј ја молбата моја; небиди безгласен како моите солзи, зашто сум туѓ во Тебе и придојден, како сите мои татковци. Допушти ми да здивнам, пред да заминам и да ме нема веќе. Долго време се надевав на Господа, и Он се наклони над мене и ја чу молитвата моја, и ме изведе од длабината на јадот и од длабока тиња, па ги постави нозете мои на камен и ги зацврсти стапалата мои; а во устата моја вложи нова песна – похвала на нашиот Бог. Мнозина ќе видат, и страв ќе ги опфати и ќе се надеваат на Господа. Блажен е оној човек, чија надеж е името на Господа и не се загледува во ништожни работи и лажни воодушевувања. Многу чудесни дела си направил. Господи, Боже мој, и по многуте мисли Твои кој може да се спореди со Тебе! Почнав да ги објавувам и да зборувам со нив, нотие број немаат. Жртви и приноси Ти не побара, но телото ни го подготви; сепаленица и жртва за грев Ти не побара. Тогаш реков; еве, идам; во книгата за мене е напишано; одлучив да ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; и Твојот закон е во срцето мое. ја објавувам Твојата правда во големото собрание; не ѝ бранев на устата моја; Ти го знаеш тоа, Господи. Твојата правда не ја сокрив во срцето мое, ја објавив вистината Твоја и спасението Твое; и не је затаив Твојата милост и Твојата вистина од собранието. Но, Господи, не отстранувај го милосрдието Твое од мене; Твојата милост и Твојата вистина ме пазеа постојано, зашто зла безбројни ме опкружија; ме притиснаа беззаконијата мои, и не можев дури ни да гледам, – тие се повеќе од влакната на главата моја; а и срцето мое ме остави. Благоволи, Господи, да ме избавиш; Господи, побрзај ми на помош. Нека се засрамат и нека поцрвенат сите, кои бараат да ја погубат душата моја! Нека бидат вратени назад и нека бидат предадени на потсмев оние, кои ми сакаат зло. Веднаш да си го понесат својот срам оние, кои сакајќи да ми се наругаат велат: »Добро, добро!« Нека се зарадуваат и нека се развеселат во Тебе сите, кои Те бараат, и оние што сакаат спасение од Тебе непрестајно нека зборуваат: велик е, велик – Господ! А јас сум сиромав и беден; Господ ќе се грижи за мене. Ти си помошник мој и заштитник мој, Боже мој, не задоцнувај. Блажен е оној, што ги прегледува бедните и сиромасите! Во злочест ден Господ ќе го избави. Господ нека го запази и нека го заштити и ублажи животот негов на земјата; и да не го предаде во рацете на непријателот негов. Господ нека му помогне кога лежи болен в постела. Ти ја изменуваш целата постела негова при болеста негова. Реков: »Господи, смилуј се на мене, излекувај ја душата моја, зашто згрешив пред Тебе.« Непријателите мои зборуваат лошо за мене: »Кога ќе умре, и кога ќе загине името негово?« И ако некој дојде да ме види, говори лага; неговото срце собира неправда во себе, и тој, штом ќе излезе надвор, расправа. Сите мои непријатели шепотат меѓу себе против мене, помислувајќи ми зло: »За законопрестапен збор ме набедија; кој еднаш легне веќе нема да стане.« Дури и човекот, кој беше во мир со мене и на кого се надевав, кој јадеше мој леб, ја крена ногата против мене. А Ти, Господи, помилуј ме, исправи ме, та да им возвратам. По тоа ќе дознаам, дека сум ти мил, кога непријателот мој нема да се погордее над мене; а мене, пак, ме прифати цел поради мојата незлобивост и ме зацврсти пред Себе вечно. Нека е благословен Господ, Бог Израилев, од века до век! Амин, амин! Како што кошутата жеднее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе! Душата моја жедува за силниот и живиот Бог: кога ќе дојдам и ќе се јавам пред лицето Божјо? Солзите мои беа леб за мене и дење и ноќе, кога секој ден ми зборуваа: каде е твојот Бог? Се сетив на тоа и ја излив душата своја, зашто ќе поминам низ места каде што е чудесната скинија – до Божјиот дом – при гласно воскликнување и прославување, како на голем празник. Зошто тагуваш, душо моја, и зошто толку ме вознемируваш? Надевај се на Бога, бидејќи јас не Него се надевам, мојот Бог е мое спасение. Се возбуди душата моја во мене, поради тоа ќе си спомнувам на Тебе до земјата Јорданска, од Ермон и од гората мала. Бездна повикува бездна со гласот на Твоите водопади; сите Твои води и Твои бранови навалија на мене. Дење Господ ќе ја покажува милоста Своја, а јас ноќе ќе Му пеам и ќе Му се молам на Бога на мојот живот. Ќе му речам на Бога: Ти си мој застапник. Зошто ме заборави? Зошто одам нажален додека непријателот ме притискува? Трошејќи ги коските мои, непријателите мои се подигруваат со мене, велејќи ми секој ден: каде е твојот Бог? Зошто тагуваш, душо моја, и зошто ме вознемируваш? Надевај се на Бога, бидејќи Него јас пак ќе Го прославувам, мојот Бог е моето спасение. Пресуди ми, Боже, и расправи ја тужбата моја против народот кој не е свет. Избави ме од неправеден и лукав човек. Бидејќи Ти си крепост моја, Боже, зошто си ме отфрлил? И зошто одам така нажален додека непријателот ме мачи? Испрати ја Твојата светлина и Твојата вистина да ме водати да ме доведат во Твојата света гора и во Твоето живеалиште. И ќе пристапам до Божјиот жртвеник, до Бога, Кој ја радува мојата младост. На цитра ќе Те славам, Боже, Боже мој! Зошто тагуваш душо моја, и зошто ме вознемируваш! Надевај се на Бога, бидејќи пак ќе Го исповедам Него, Спасителот и мојот Бог. Боже, со ушите наши чувме, а татковците наши ни раскажуваа за делото што си го направил во нивните дни, во деновите древни. Ти со Твојата рака си истребил народи, а нив си ги населил; си поразил луѓе и си ги изгонил; бидејќи тие не со меч ја придобија земјата, и нивните мишки не ги спасиле, туку Твојата десница и Твојата мишка и светлината на Твоето лице, зашто Ти беа по волја. Боже, само Ти си цар мој и Бог мој, Кој му извојува победа на Јакова. Со Тебе, како со рогови, ќе ги избодеме нашите непријатели, и со Твоето име ќе ги уништиме оние, што востануваат против нас; зашто јас нема да се надевам на мојот лак и мечот мој нема да ме спаси; туку Ти ќе нѐ спасиш од непријателите наши и ќе ги посрамиш оние што нѐ мразат. Со Бога ќе се фалиме секој ден и Твоето име вечно ќе го прославуваме. Но сега Ти нѐ отфрли и нѐ посрами, па не излегуваш, Боже, со нашите војски; нѐ сврти во бегство пред непријателите наши, и оние, што нѐ мразат, нѐ ограбуваа. Нѐ предаде како овци да нѐ изедат и нѐ растури меѓу незнабошците. Ефтино го продаде народот Свој и со тоа не ја крена цената негова; нѐ предаде за презир кај соседите наши, за потсмев и хулење на оние, кои живеат околу нас; нѐ направи за приказ меѓу незнабошците, и мнозина ја вртат главата. Секој дена срамот мој е пред мене, и црвенило го покрива лицето мое, од гласот на оној што се потсмева и од клеветникот, од непријателите и одмаздниците. Сето тоа нѐ снајде нас, но ние не Те заборавивме, Тебе и не го нарушивме Заветот Твој. И не отстапи срцето наше, и стапките наши не се отклонија од Твојот пат. зашто нѐ порази во местото, каде што бевме озлобени и нѐ покри со смртна сенка. Ако го бевме заборавиле името на нашиот Бог и да ги бевме протегнале рацете наши кон туѓ бог, зар Бог тогаш немаше да испита за тоа? Зашто Он ги знае тајните на срцата. Заради Тебе умираме секој ден, нѐ сметаат како овци определени за клање. Разбуди се, зошто спиеш, Господи! Разбуди се, и не отфрлај нѐ засекогаш! Зошто го одвраќаш лицето Свое, ја забораваш бедата наша и неволјата наша? Бидејќи душата наша се понизи до прав, а утробата ни се прилепила на земјата, стани, Господи, и помогни ни, избави нѐ поради името Твое. Од срцето мое се излива благ збор; му зборувам на Царот за делата мои; јазикот ми е како трска на брзописец. Ти си најпрекрасниот меѓу синовите човечки, благодат се излива од Твојата уста; затоа Бог Те благословил довека. Препаши го на бедрото мечот Свој, о силнику: во Својата красота и убавина! И така украсен, поитај и царствувај заради вистината, кротоста и правдата, и Твојата десница ќе покаже чудесни дела. Изострени се Твоите стрели, о јунаку, народите ќе паднат пред Тебе, – тие ќе се забодат во срцата на царските непријатели. Твојот престол, Боже, е вечен: жезлото на правдата е жезло на Твоето царство. Ти ја засака правдата и го намрази беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог, Те помаза со елеј на радоста повеќе од Твоите соучесници. Сите Твои облеки мирисаат на смирна, алој и касија; кога излегуваш од дворците од тешка слонова коска, во што наоѓаш радост. Царски ќерки се во Твојата почесна придружба; царицата стои покрај Тебе оддесно во облека украсена и со злато проткаена. Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое и заборави го твојот народ и домот на таткото твој. Зашто Царот ја посака твојата убавина, оти Он е твој Господар и приклони Му се тогаш ти. И ќерката тирска ќе Му се поклони со подароци и најбогатите меѓу народот ќе те замолат. Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато; во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот; по неа водат при Тебе девици, нејзини другарки, и ги приведуваат кон Тебе, ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец. Место твоите татковци, овде ќе бидат твоите синови; Ти ќе ги поставиш за кнезови по целата земја. Ќе го спомнуваат името Твое од род во род; затоа народите ќе Те слават од век до век. Бог ни е нам прибежиште и сила, помошник, на секој кој вомака ќе се најде. Затоа нема да се уплашам, па макар и земјата да се разниша, и горите да се преместат во срцето морско. Збучеа и се креваа водите нивни, се затесоа горите од жестината нивна. Речните потоци го веселат Божјиот град, Севишниот го осветли живеалиштето Свое. Бог е среде него; тоа нема да се разниша: Бог ќе му помогне уште пред зори. Се збунија народите; се потресоа царствата; Севишниот го пушти Својот глас, и земјата се затресе. Господ на силите е со нас, Јакововиот Бог е наш застапник. Дојдете и видете ги делата Божји – чудесата што ги направи Он на земјата. Прекратувајќи ги војните до крајот на земјата, ќе го скрши лакот и ќе го здроби оружјето, и штитовите големи со оган ќе ги изгори. Застанете и разберете дека Јас сум Бог; ќе се издигам над народите и ќе се превознесувам над земјата. Господ на силите е со нас, Јакововиот Бог е наш застапник. Заплескајте со рацете, сите народи воскликнете кон Бога со радосен глас; зашто Севишниот Господ е страшен, Голем Цар е над целата земја. Он ни покори под нозете луѓе и народи; за Свое наследство ни ја избра красотата на Јакова, кого го возљуби. Се издигна Бог при восклици, Господ се возвисува при трубен звук. Пјете му на нашиот Бог, пејте; пејте му на нашиот Цар, пејте, зашто Бог е Цар над целата земја; пејте Му мудро! Бог се зацари над народите, Бог седи на светиот Свој престол; незнабожечките кнезови се состанаа со Авраамовиот Бог, зашто земните силници кои Му припаѓаат на Бога, силни се подигнаа. Голем е Господ и многу фален во градот на нашиот Бог, на Својата света гора. Прекрасна возвишеност, радост на целата земја е гората Сион; на северната страна нејзина е градот на големиот Цар. Бог, Кој е во Својот дворец, знаеме дека е заштитник. Зашто, ете, се собраа царевите земни и сите дојдоа заедно, па, откако видоа, се восхитија, се збунија и се поколебаа: страв ги опфати таму, па се мачеа како жена родилка; и со силен ветар ги разби тарсиските кораби. Како што чувме, така и видовме во градот на Господа на силите, во градот на нашиот Бог: Бог го основа за довека. Ја примивме, Боже, милоста Твоја среде храмот Твој. Според името Твое, Боже, е и Твојата похвала до краиштата на земјата: Твојата десница е полна со правда. Нека се весели гората Сион, и да се радуваат јудејските ќерки заради Твоите судови, Господи. Одете околу Сион и обиколете го, прикажувајте во кулите негови. Положете ги срцата свои во неговата моќ; разгледајте ги неговите дворци, за да му раскажете на идниот род. Зашто овој Бог е наш Бог во сите векови: Он ќе ни биде пастир вечен. Чујте го ова сите народи; внимавајте вие сите што живеете по вселената, земнородни и синови човечки, како богатите така и сиромасите. Устата моја ќе кажува мудрост, и мислата на срцето мое – поука. Ќе го наклонам увото свое кон раскажувањето: со гусла ќе ја отркијам гатанката моја. Зошто да се плашам во тешки денови, кога беззаконието на моите патишта ќе ме опколи? Вие, што се надевате на силите свои и се фалите со големото богатство свое, чујте: Братот не може да се искупи; а може ли човекот да се откупи? На Бога нема да му даде откуп за него, ниту цена за откуп на душата своја. Некој и ќе се намачи долго, ќе живее до крајот и пак ќе пропадне, кога ќе види дека и мурдите умираат. Неразумните и безумните загинуваат заедно, а го оставаат богатството на други. Тие си мислат, дека гробовите нивни се вечни, живеалиштата од род во род, така што земјите нивни ги носат имињата нивни. И човек со почест ова не го разбира; па заприлегува на животните, со кое се поистоветува. Тој нивни пат е нивна соблазна, иако потоа сосвојата уста убаво ќе зборуваат. Тие се како овци затворени во пеколот, смртта им е пастир, и изутрина праведните ќе господарат над нив; но силата нивна ќе се истроши во пеколот од славата нивна. Но Бог ќе ја спаси душата моја од раката на пеколот, кога ќе ме прими. Не плаши се кога човек богатее, когаславата на домот негов расте; зашто, умирајќи, ништо нема да земе, ниту, пак, славата негова ќе појде по него; макар што при животот негов душата негова ја ублажуваат, а тебе те фалат кога си угодуваш; ќе отиде дури во родот на своите татковци, нема никогаш да види светлина. Човек, кој неразумно живее, сличен е на животните. Бог над боговите, Господ, говори и ја повикува земјата од сончевиот изгрев до запад. Од Сион, кој е врв на убавината, ќе се појави Бог; иде нашиот Бог, и ќе прозбори; пред Него оган ќе се разгори, околу Него бура. Одозгора Он ќе ги повика небото и земјата, за да му суди на Својот народ: Соберете ги при Него светиите Негови, кои се заветуваа како жртва за Него. И небесата ќе ја огласат Неговата правда, зашто Бог е судија. Чуј, народе Мој, и Јас ќе ти говорам, Израиле, ќе сведочам против тебе: Јас сум Бог, Твој Бог. нема да те прекорувам поради твоите жртви; твоите сепаленици секогаш се пред Мене; нема потреба да примам телци од твојот дом, ниту козли од стадата твои, зашто Мои се сите горски ѕверови и добитокот по горите и говедата. Ги познавам сите птици небески, и убавината на полињата е пред Мене, ако огладнам, нема да ти кажам тебе, зашто Моја е вселената и сѐ, што ја исполнува. Зар Јас да јадам јунешко месо и да пијам крв јарешка? Принеси Му на Бога благодарствена жртва и на Севишниот молитвите свои упатувај Му ги; и повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, и ти ќе Ме прославиш. А за грешникот Бог рече: »Зошто ги кажуваш Моите наредби и со уста го примаш Мојот завет?« А самиот ја мразиш поуката Моја и зад грб го фрлаш зборовите Мои? Кога ќе видеше крадец, се зближуваше со него и со прељубници се дружеше; устата твоја е полна со злоба, и јазикот твој лукавство плете; седиш и го клеветиш братот свој, и против синот на својата мајка се соблазнуваш. Ти го изврши тоа, а јас молчев; ти си помисли дека Јас сум, каков што си ти. Ќе те изобличам и ќе ти ги изнесам пред лицето твое гревовите твои. Разберете го ова вие, кои го заборавате Бога, за да не ве грабне, па тогаш ќе нема избавител. Кој принесува жртва благодарствена, тој Ме прославува, и кој го следи Мојот пат, нему ќе му го соопштам Божјото спасение. Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои. Многупати ме изми од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев, зашто беззаконието мое го знам и мојот грев е секогаш пред мене. Пред Тебе Единствениот згрешив и пред Тебе зло извршив, за да бидеш праведен кога ќе пресудуваш и да победиш кога ќе судиш. Ете, во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мајката моја. Но, Ти ја засака вистината во срцето, и внатре вомене ми ја објави непознатата и тајната премудрост Твоја. Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег. Дај ми да чујам радост и веселба, и ќе се зарадуваат коските мои ослабнати. Сврти го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија. Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински обнови во мене. Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене. Врати ми ја радоста, спасувајќи ме и со Својот моќен Дух зацврсти ме. Беззакониците ќе ги научам да одат по Твоите патишта, и безбожниците кон Тебе ќе се обрнуваат. Избави ме од крвта, Боже, на моето спасение, и јазикот мој ќе се зарадува на Твојата правда. Господи, отвори ја устата моја, и устата моја ќе ја објави похвалата Твоја; оти, да сакаше жртва, јас ќе Ти ја принесев; но сепалениците не ги сакаш. Жртвата пред Бога е смирен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш. Господи, направи му добро на Сион, според благоволението Свое, воздигни ги ѕидовите ерусалимски. Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, вознесувањата и жртвите сепаленици; тогаш на Твојот олтар ќе принесуваат телци. Зошто, се фалиш, силнику, со злоба? Беззаконија вршиш по цел ден. Јазикот твој погубни работи измислува; како наострен брич ти е – и веќе си смислил измама. Ти повеќе ја засака злобата отколку доброто, неправдата, отколку да говориш правда; ти, лукав јазику, засака секакви погубни зборови. Поради тоа Бог, до крај ќе те уништи, ќе те истргне и ќе те пресели од живеалиштето твое, и коренот твој – од земјата на живите. Ќе видат праведните, ќе се уплашат и ќе му се подсмеваат, па ќе речат: ете човек, кој не ја полагаше силата своја во надеж на Бога, а се надеваше на големото богатство свое, и кој сеосили во лесномисленоста своја. А јас, пак, сум во Божјиот дом како плодна маслина и се надевам на милоста Божја во сите векови. Вечно ќе Те славам за она што го направи, и ќе се надевам на името Твое, зашто тоа е благо пред светиите Твои. Рече безумникот во срцето свое: »нема Бог.« Станаа развратни луѓето и гнасни во беззаконијата; нема кој да прави добро. Бог со внимание погледна од небесата кон синовите човечки, за да види, има ли некој што е разумен или да Го бара Бога. Сите тргнаа по лош пат, станаа еднакво расипани; нема кој да прави добро, нема ниеден. Зар нема да се вразумат оние, што вршат беззаконие. Оние што го јадат народот Мој, како што го јадат лебот, но Бога не Го повикуваат. Ќе се уплашат тие од страв, и таму каде што страв нема, зашто Господ ќе им ги растури коските на оние, што си угодуваат еден надруг. И тие ќе се посрамат, зашто Бог ќе ги понизи. Кој ќе му даде спасение на Израилот од Сион? Кога Бог ќе ги врати заробените од народот Свој, тогаш ќе се зарадува Јаков и ќе се развесели Израилот. Боже, со името Твое спаси ме и со силата Твоја суди ми. Боже, услиши ја молитвата моја, чуј ги зборовите од устата моја; зашто туѓинци се кренаа против мене, и силници го бараат животот мој; тие не мислат на Бога. Ете, Бог ми помогна; Господ е заштитник на животот мој. На непријателите мои Он ќе им врати за злото; ќе ги истреби со вистината Своја. Со сесрдност Ти принесувам жртва, го прославувам името Твое, Господи, зашто е благо, оти Ти ме избавуваш од секаква мака и окото мое презриво ги гледа непријателите мои. Прими ја Боже, молитвата моја и не презирај го моето молење; погледај ме и услиши ме. Нажален сум во тагата моја и збунет сум од гласот на напријателите, од притисокот на грешниците, зашто вршат врз мене беззаконие и со гнев непријателствуваат против мене. Срцето мое затрепери во мене, и смртен страв ме спопадна; страв и трепет ме сполетаа, и темнина ме покри. И јас реков: »Кој ќе ми даде крилја гулабови, па да одлетам и се успокојам.« Далеку би отишол и би се сместил во пустињата; се надевав на Оној Кој ме спасува од малодушноста и од бурата. Потопи ги, Господи, и раздели ги нивните јазици, зашто видов насилство и расправии во градот. Дење и ноќе обиколуваат покрај ѕидовите негови; и во него беззаконие, мака и неправда има; а не оскудеваше ни измама и лукавство по улиците негови. Да ме беше навредил непријателот мој, тоа би го поднел, и завидливецот мој да се беше покажал силен, јас ќе се сокриев; но тоа беше ти, човеку, кој си како јас, водач мој и пријател мој, со кого сме јале леб заедно и сме оделе заедно во Божји дом! Смртта дојде на нив; да слезат живи во пеколот, зашто лукавство има среде нив, во живеалиштата нивни. Јас, пак, Бога ќе го повикам, и Господ ќе ме услиши. Навечер и наутро, и напладне ќе молам и ќе викам, и Он ќе го чуе гласот мој, ќе ја избави во мир душата моја од оние, кои ми се приближуваат, зашто многу ги има што беа против мене, Бог ќе ме чуе и ќе ги понизи; Оној, Кој вечно живее, зашто во нив нема промена; тие не се плашат од Бога. Ги креваат рацете свои против оние, со кои живееја во мир, го нарушија Неговиот завет. Се растурија од гневот на лицето Негово, а во срцето им е непријателство; зборовите им станаа како елеј, но тие се стрели. Пренеси ја на Господа маката своја, и Он ќе те поткрепи. Не дозволувај праведниот човек да пострада. Ти, Боже, ќе ги фрлиш во погибелна јама; крвниците и лукавите луѓе да не поживеат ни половина од деновите свои. Јас, пак, Господи, на Тебе се надевам! Смилуј се Боже, на мене, зашто човек сака да ме голтне; напаѓајќи секој ден, ме притиска. Моите непријатели по цел ден ме газат, зашто мнозина се оние, кои ме напаѓаат со гордост. Кога страв ќе ме спопадне дење, на Тебе се надевам. Во Бога ќе ги фалам зборовите свои; на Бога се надевам. Нема да се плашам; што може да ми направи човек? Секој ден ги извртуваат зборовите мои; сите нивни мисли упатени против мене се зло. Се собираат и се кријат, ги набљудуваат петите мои, упорно работат против мојот живот. Нема за што да ги спасуваш, Боже, Со гнев Боже, собери ги народите. Боже, Ти го знаеш животот мој, солзите мои Си ги ставил пред себе – како во заветот Твој. Непријателите мои ќе се врататназад, секогаш кога Те призовувам; по тоа знам дека Ти си Бог мој. Со Бога се фалам за Неговото слово. Со Господа се фалам за зборот Негов. На Бога се надевам, не се плашам; што може да ми направи човекот? Во мене се, Боже, благодарствените молитви мои кон Тебе, кои ќе Ти ги упатам. Зашто Ти ја избави душата моја од смрт, а и нозете мои од сопнување, за да благоугодам пред Бога во светлината на живите. Смилуј се, Боже, на мене. Смилуј се, зашто на Тебе се надева душата моја, и во сенката на крилјата Твои ќе ја положам надежта моја додека не минат беззаконијата. Ќе повикам кон Бога Севишниот, кон Бога, Кој ми прави добро. Он ќе прати од небото и ќе ме спаси; ќе ги посрами оние, кои ме презираат. Ќе ја испрати Бог Својата милост и Својата вистина. И нека ја избави душата моја од лавови; лежам смутен меѓу синовите човечки; та нивни заби се копја и стрели, а јазикот им е остар меч. Возвиси се на небесата, Боже, и по целата земја нека биде Твојата слава! Тие подготвија стапица за нозете мои; и се обидоа да ја измамат душата моја: ископаа пред мене јама, но сами паднаа во неа. Подготвено е срцето мое, Боже, спремно е срцето мое, ќе пеам и ќе свирам. Разбуди се, славо моја, разбуди се псалтиру и гусле! Јас ќе станам рано. Ќе Те славам, Господи, меѓу народите, ќе Те воспеам меѓу племињата, зашто Твојата милост се возвеличи до небесата, и дури до облаците – Твојата вистина. Вознеси се, Боже на небесата и по целата земја нека биде Твојата слава! Дали навистина кажувате правда? Судите ли праведно, вие, човечки синови? Во срцето свое кроите беззаконие на земјата, вашите раце плетат неправда на земјата. Се отуѓија грешниците од мајчиното крило, се заблудеа од утробата мајчина, говорејќи лага. Јароста им е како змијски отров, како отровот на глувата аспида, која ги затнува ушите свои, и не го слуша гласот на бајачот, вражачот вешт во вражањето. Бог неке им ги скриши нивните заби во устите нивни; разби ги, Господи, челустите лавовски! Нека се разлијат како вода што истечува; ќе го растегнеш својот лак, додека не малаксаат. Како восок што се топи да се растопат, оган нека падне над нив, та сонце да не видат никогаш. Пред котлите ваши да осетат топлина од запаленото трње. Ќе се зарадува праведникот, кога ќе ја види одмаздата на безбожниците; ќе ги измие рацете свои во крвта на грешникот. И ќе рече човекот: навистина има плод за праведникот! Навистина има Бог, Кој суди на земјата! Спаси ме од непријателите мои, Боже мој, заштити ме од оние што стануваат против мене! Избави ме од оние, што вршат беззаконија; спаси ме и од крвниците; зашто, ете, тие ја демнат душата моја; ме напаѓаат силните беа престап мој и без грев мој, Господи. Без моја вина навалија на мене; стани, излези ми во пресрет и погледај. Ти, Господи, Боже на силите, Боже Израилев, разбуди се и посети ги сите овие народи и не поштедувај ниеден од оние што вршат беззаконие. Навечер тие се враќаат, вијат како кучиња и одат околу градот. И, ете, хулат со јазикот свој; во устата имаат меч, »зашто, – си велат тие, – кој ќе чуе?« Но Ти, Господи, ќе ги исмееш; Ти ќе ги посрамиш сите народи. Силата моја во Тебе ја чувам, зашто си Ти, Боже, мој застапник. Мојот Бог, Кој ме милува, иде пред мене; Бог мој, Кој ми ги покажува моите непријатели. Не убивај ги, за да не го заборават мојот народ; растури ги со силата Своја и победи ги, Господи, заштитниче мој. За гревот на устата нивна; за зборот во устата нивна некасе фатат во гордоста своја, бидејќи само клетви и лаги кажуваат. Во крајниот гнев, и нема веќе да ги има; за да увидат, дека Бог управува над Јакова и до краиштата на земјата. Навраќаат секоја вечер, гладуваат какокучиња, и одат околу градот; Тие се радуваат кога бараат храна, а кога нема да се заситат, ги поминуваат ноќите 'ржејќи. Јас, пак, со песна ќе ја славам Твојата сила и од рани зори ќе се зарадувам со Твојата милост, бидејќи Ти ми беше застапник мој и прибежиште во денот на мојата несреќа. Помошник мој си Ти, Тебе Ти пеам, зашто Ти си застапник мој, Боже мој, милост моја. Боже, Ти нѐ отфрли и нѐ растури, се разгневи, но сепак се смилува на нас. Ја потресе земјата и ја залула; стегни ги пукнатините нејзини, зашто таа се ниша. Ти му покажа на Твојот народ жестокост и ни напои со заносно вино. На оние, што се бојат од Тебе, им даде знак за дапобегнат од убојник лак. За да се избават Твоите возљубени, спаси ме со Твојата десница и услиши ме. Рече Бог во Своето Светилиште: »Ќе се зарадувам, ќе го разделам Сихем и ќе ја премерам долината на Сокхот заради поделба. Мој е Галад, и Мој е Манасија, и Ефрем е крепост на главата Моја, и Јуда е цар Мој. Со Моав се мие Мојата надеж, на Идумеја ќе ѝ го подадам обувките Свои, а над Филистејците ќе славам победа.« Кој ќе ме воведе во урепениот град? Кој ќе ме доведе до Идумеја? Зар не Ти, Боже, Кој нѐ отфрли? И нема веќе да излегуваш, Боже, со нашите војски? Помогни ни во маката, зашто од човекот нема спасение. Со Бога ќе бидеме силни, Он ќе ги уништи нашите мачители. Услиши го, Боже, моето молење, прими ја молитвата моја. Кон Тебе повикав од крајот на земјата, кога срцето ми папса. Ќе ме издигнеш на карма и мир ќе ми дадеш. Ме упати, зашто Ти беше моја надеж, крепосен заклон од непријателот. Ќе се населам вечно во Твоето живеалиште и ќе се засолнам под покривот на Твојата закрила. зашто Ти, Боже, ги чу моите молитви и им даде населедство на оние, кои се бојат од Твоето име. Додај му уште денови кон деновите царски и продолжи му ги годините од род во род, за да биде твој вечно пред Бога; милост и вистина сака тој. И така, со песна ќе го воспевам Твоето име и ќе ги извршувам своите завети од ден во ден. Па, зар во Бога не се успокојува душата моја? Та од Него е моето спасение. Зашто Он е Бог мој, и мој Спасител. Застапник мој: нема повеќе да се поколебам. До кога ќе притискаат врз човекот? Го уривате сите вие како наклонет ѕид и накривена ограда. намисливте да го отфрлите моето достоинство со лага; со устата своја благословувате, а со срцето свое колнете. А ти, душо моја, само по Бога оди, зашто на Него трпеливо се надевам. Он е Бог мој и Спасител мој: застапник мој и нема веќе да се колебам. Во Бога е моето спасение и мојата слава; Он е Бог Кој ми помага и надежта моја е во Бога. Надевајте се на Него сите луѓе, отворете го срцето ваше пред Него: Бог е нашиот помошник. Синовите човечки се само суета; синовите човечки се лажливци; кога би ги ставиле на мерило, тие сите заедно би биле полесни од здив. Не се надевајте на неправда и не посакувајте отимање; кога богатството расте, не го приврзувајте срцето кон него. Еднаш Бог рече, а двапати јас го чув тоа, дека силата е во Бога, дека во Тебе, Господи, е силата Божја и дека во Тебе има милост, зашто Ти ќе му дадеш на секого според делата негови. Боже, Боже мој, кон Тебе поранувам; за Тебе зажедне душата моја. Колку пати за Тебе копнее телото мое на замјата пуста, неплодна и безводна? И така се појавив во Светилиштето Твое, за да ја видам Твојата сила и Твојата слава. Зашто милоста Твоја е подобра од животот, устата моја ќе Те фали. Така ќе Те благословувам во животот мој, и во Твое име ќе ги кревам рацете мои. Како со маст и елеј се наситува душата моја, и со радосен глас ќе те фали устата моја. Кога ќе се сетам за Тебе во постелата моја, во утринските часови за Тебе размислувам, зашто Ти си ми помошник и во сенката на Твојата закрила ќе воскликнувам. Кон Тебе се приближи душата моја, твојата десница ме поддржува. А оние кои залудно го побараа мојот живот, ќе слезат во пеколот! Ќе бидат поразени со силата на мечот; ќе станат плен на лисиците. А царот ќе се зарадува во Бога, и секој ќе се фали, кој во Него се колне, бидејќи ќе им се затне устата на оние што говорат неправда. Чуј го, Боже, гласот мој, кога Ти се молам; зачувај ми го животот мој од непријателот што ме застрашува. Ти ме заштити од лукавите, од многуте злочинци. Кои ги наострија јазаците свои како меч, го затегнаа лакот свој – па исфрлаат ранливи зборови, за да стрелаат скришно на непорочниот; тие стрелаат ненадејно врз него и нема да се уплашат. Тие цврсто седоговорија за зло; се договорија како да ја прикријат замката, па си рекоа: кој ќе го види? Па бараа неправда, вршеа испитување, но испитување дури до внатрешнината на човекот, но длабоко е срцето. Но Бог ќе се прослави: нивните стрели не полетаа. И јазиците нивни папсаа на нив. А сите кои ги видоа, се зачудија. И секој човек се уплаши. Се објавија делата Божји и ги разбраа созданијата негови. А праведникот ќе се развесели во Господа и ќе се надева на Него; и ќе бидат пофалени сите кои се праведни по срце. Тебе, Боже, Ти припаѓа похвалата на Сион, и Тебе ќе Ти се исполни заветот во Ерусалим. Услиши ја молитвата моја; кон Тебе ќе прибегне секој човек. Од зборовите на беззакониците, кои надвладуваат над нас и од нашите гревови, очисти нѐ. Блажен е оној, кого Ти си го избрал и примил; он ќе живее во Твоите дворови; ќе се исполни со добрини од Твојот дом; а Твојот дом е свет, и чудесен е во праведноста. Чуј нѐ, Боже, Спасителе наш, надеж на сите земни краишта и на оние што се далку преку морето. Ти, Кој горите си ги поставил со силата Своја и со моќ си се препашал, Ти Кој ја раздвижуваш морската длабочина и шумот што го прават брановите. Ќе поштукнат народите. И ќе се уплашат сите оние што живеат во краиштата од чудесата Твои: ќе создадеш радост каде што утрото се раѓа и вечерта заоѓа. Ти ја посетуваш земјата, ја напојуваш, ја збогатуваш: потокот Божји е полн со вода; си им приготвил храна, бидејќи тука си ја устроил. Ги напојуваш браздите нејзини, и ги умножуваш житата нејзини и со дождовни капки ја благословуваш да раѓа плодови; ја овенчуваш годината со Твојата добрина и полињата Твои полни се со згоен добиток. Се појавуваат пасишта по пустињите и ритчињата се исполнуваат со радост; Трлата се умножуваат со стада, а долините се китат со плодови: воскликнуваат и пеат. Воскликни Му на Бога, земјо цела! Воспејте го името Негово, воздајте Му слава и похвала! Кажете Му на Бога: колку се страшни делата Твои! Поради големината на силата Твоја, ќе Ти се покоруваат непријателите Твои. Целата земја нека Ти се покорува и да Ти пее, да Му пее на Твоето име, Севишни. Дојдете и видете ги делата Божји, колку е страшен во одлуките Свои за синовите човечки. Он го претвори морето во суво; преку река минува со ногата; таму се зарадувавме поради Него. Со Својата моќ Он владее вечно; Неговите очи гледаат на народите, за да не се кренат бунтовниците. Благословувајте Го, народи, нашиот Бог и искажете Му похвала гласно. Он ѝ даде живот на душата моја и не дозволи да потклекнат нозете мои; Ти нѐ испита, Боже, со оган нѐ очисти, како што среброто со оган се пречистува. Ти нѐ воведе при мака, нанесе маки на нашите племиња. Допушти луѓето да ни се качат на глава. Минавме низ оган и вода, но нѐ изведе да здивнеме. Ќе влезам во Твојот дом со сепаленица, ќе Ти ги исполнам моите завети, што ги изговорија усните мои и ги искажа устата моја кога бев во неволја. Мрсни сепаленици ќе Ти принесам Тебе, со кадило од овни, ќе Ти принесам Тебе и волови и кози. Дојдете и чујте вие сите кои се боите од Бога и ќе ви раскажам сѐ што направи Он за душата моја. Повикав кон Него со устата моја и Го возвеличив со јазикот свој. Да мислев беззаконие во срцето мое, Господ немаше да ме услиши. Затоа ме услиши Господ, го чу гласот на молењето мое. Нека е благословен Бог, Кој не ја отфрли молитвата моја и не ме остави без милоста Своја! Боже, биди милостив кон нас и благослови нѐ; осветли нѐ со лицето Свое, и помилуј нѐ, за да го познаат на земјата патот Твој, и меѓу сите народи спасението од Тебе. Да Те прославуваат народите, Боже, сите народи да Те прославуваат. Племињата нека се развеселат и да се радуваат, зашто праведно ќе им судиш на народите, и племиња ќе упатиш на земјата. Народите нека Те прославуваат, Боже, сите народи нека Те слават! Земјата го даде својот плод; благослови нѐ, Боже, Боже наш! Да нѐ благослови Бог и сите земни краишта нека се бојат од Него. Нека се крене Бог, и да се распрснат непријателите Негови; да бегаат од лицето Негово оние, што Го мразат. Како што домот исчезнува, така да исчезнат; какошто восокот се топи од оган, така да загинат грешниците од лицето Божјо. А праведниците да се развеселат, да се зарадуваат пред Бога и ќе Го прославуваат во радоста. Пејте Му на Бога, пејте Му на Неговото име; направете Му пат на Оној, Кој се движи по небото; името Му е Господ, и радувајте се пред Него. Ќе се смутат од Неговото лице, Татко на сираците и судија на вдовиците; Он е Бог во Своето свето место. Бог им дава домови на осамените, ги ослободува од окови затворениците, а непокорните остануваат да живеат во пеколна пустиња. Боже, кога Ти излегуваше пред Твојот народ, кога одеше по пустињата, земјата се тресеше и небесата даваа дожд од лицето Божјо, и Синај – од лицето на Бога, на Бога Израилев. Изобилен дожд изли Ти, Боже, врз Твоето наследство, и кога тоа изнемоштуваше од труд, Ти го поткрепуваше. Стадата Твои живеат на неа; во Својата добрина, Боже, Ти си ја спремил за сиромасите. Господ ќе им даде збор на гласниците со голема сила. Царот на војските е омилен и во убавината на Својот дом дели плен. Ако заспиете во пределите ваши, ќе станете како гулаби со сребрени крилја, со перја – од чисто злато. Кога небесниот Цар ги разбиваше царевите, снег паѓаше на Селмон. Гората Божја е гора богата, гора цврста, богата; зошто вие, гори високи, завидливо ја гледате гората, на која Бог благоволи да живее? Божјите коли се безброј – на илјада илјади; меѓу нив е Господ на Синај, во Светилиштето. Ти се возвисивисоко, плени плен, прими дарови за луѓето, така и од непокорните да можат да живеат таму. Нека е благословен Бог од ден во ден, ќе го помогне нашето спасение. Нашиот Бог е Бог Кој спасува; во власта на Господа е вратата на смртта. Но Бог ќе им ги скриши главите на непријателите Свои и косестото теме на оние што остануваат во своите гревови. Господ рече: од Васан ќе ги вратам, ќе ги извлечам од морските длабочини, за да ти се натопи ногата твоја во крвта на непријателите и јазикот на твоите кучиња. Го видов Твоето величествено доаѓање, Боже, доаѓањето на мојот Бог и Цар во Светилиштето: напред одеа кнезовите, близу до пеачите, а во средината – девици со тимпани: »Во собранијата благословувајте го Бога, Господа, вие, што сте од семето Израилево!« Таму беше Венијамин, најмладиот; кнезовите Јудини – нивни владетели, кнезовите Завулонови, кнезовите Нефталимови. Заповедај, Боже, со силата Твоја, зацврсти го, Боже, тоа што ни го направи нам! Од Твојот храм во Ерусалим; царевите ќе Ти принесуваат жртви. Скроти ги ѕверовите во мочуриштата, воловите со телињата на народите, да не бидат исклучени од искушувањето со сребро; растури ги народите кои сакаат војна. Ќе дојдат молитвеници од Египет; Етиопија порано ќе ја подаде раката кон Бога. Цареви земни, појте Му на Бога, воспојте Му на Бога, на Господа, Кој се возвисил на небо, на небесата на Исток. И, ете, Он на гласот Свој ќе му даде сила. Подајте Му слава на Бога! Над Израилот е Неговото велелепие, а силата Негова на облаците. Чудесен си Ти, Боже, во светоста Своја; Бог Израилев – Он ќе му даде сила и крепост на Својот народ. Нека е благословен Бог! Спаси ме, Боже, зашто водите стигнаа до душата моја. Потонав во длабока тиња, каде што нема дно; влегов во морска длабочина и бура ме потопи. Изнемоштев од викање; засипна грлото мое; попуштија очите мои, надевајќи се на мојот Бог. Оние, што ме мразат без вина, се намножија повеќе од косата на главата моја: непријателите мои, кои ме гонат неправедно, се засилија; она што не сум го зел, тогаш го давав. Боже, Ти го знаеш моето безумие, и гревовите мои не се сокриени од Тебе. Да не се посрамат поради мене сите они, што се надеваат на Тебе, Господи, Боже на силите. Да не се посрамат порадимене оние, кои Те бараат, Боже Израилев, зашто заради Тебе поднесувам исмејување, и срам го обзеде лицето мое. Туѓ станав за браќата свои и чуден за синовите на мајка ми моја. Бидејќи ревноста за Твојот дом ме јаде, и подбивите на оние, што Те хулат, паѓаат врз мене; и постам со душата своја, но и тоа ми го земаат за зло место облека облекувам вреќа; и со тоа им станав за приказ; против мене зборуваат оние што седат пред портите и пијаниците пеат за мене. Јас, пак, молитвата моја ја упатувам кон Тебе, Господи; благопријатно е времето, Боже, со големата Своја милост услиши ме заради вистината на спасението од Тебе; изведи ме од калта, за да не потонам; да се избавам од оние, кои ме мразат, а и од длабоките води; за да не ме потопи водниот вртеж, и длабината да не ме проголта, да не ја затвори над мене бездната својата уста. Услиши, ме, Господи, зашто блага е Твојата милост; поради големата Твоја милосрдност погледај ме; не одвраќај го лицето Свое од чедото Твое, зашто сум нажален; услиши ме брзо; наклони се кон душата моја и избави ја; поради моите непријатели спаси ме. зашто Ти го знаеш мојот подбив, мојот срам и моето засрамување: пред тебе се сите што ме оскрбуваат. Подбив и срам дочека мојата душа, очекувајќи некого во сострадание, но го немаше, и да ме утеши некој; но не го најдов. И ми дадоа жолчка да каснам и кога зажеднев – со оцет ме напоија. Трпезата нивна нека им биде примка, гоштевањето – стапица; да ми се помрачат очите, та да не гледам, и бедрата нивни ослаби ги засекогаш; излиј го врз нив гневот Свој, и јароста на Твојот гнев нека ги обземе; домовите да им ги запустиш, и во шаторите нивни да не остане никој жив; зашто оној кого Ти го порази, тие го гонат, и со тоа ги умножија болките од раните мои. Притури беззаконие врз беззаконието нивно, за да не влезат во Твојата правда. Нека бидат избришани од книгата на живите и да не бидат запишани меѓу праведните. Јас, пак, сум беден и страдам; нека дојде од тебе, Боже, спасението за мене! Ќе го славам името на мојот Бог со песна, ќе го возвеличувам во славословија, и тоа ќе Му биде поугодно на Господа, отколку теле или јунец со рогови и со копита. Нека го видат тоа оние што страдаат и нека се зарадуваат. Побарајте Го Бога за да ви оживи душата ваша, зашто Господ ги услишува сиромасите и не ги презира затворениците Свои. Нека Го пофалат небесата и земјата, морето и сѐ што живее во него; зашто Бог ќе го спаси Сион, ќе се изградат градови во Јудеја, и таму ќе ги наследат; и потомството на слугите Твои ќе се весели во него. Боже, дојди ми на помош, побрзај, Господи, да ми помогнеш. Нека поцрвенеат и нека се засрамат оние, што ја бараат душата моја! Нека се уплашат, нека се уплашат и засрамат оние, кои ми пожелуваат зло. Нека отстапат и нека се посрамат оние што ми викаат: »така! така!« Нека се зарадуваат и развеселат со Тебе сите, кои Те бараат, и кои Те сакаат Тебе, Боже, и кои сакаат спасение од Тебе, и нека велат: »Да се возвеличува Господ!« Јас, пак, сум беден и сиромав; поможи ми Боже, Ти си, Господи, помошник мој и избавител мој, не се забавај! На Тебе Господи, се надевам, да не останам посрамен вечно. Избави ме поради праведноста Своја и очисти ме; приклони го увото Свое кон мене и спаси ме. Биди ми Бог заштитник, изведи ме на место сигурно – зашто Ти си моја крепост и мое прибежиште. Боже мој, избави ме од рацете на грешникот, од рацете на престапникот и насилникот, зашто Ти си моја надеж, Господи, моја сигурност од младоста моја. За Тебе цврсто се држам од раѓањето мое; Ти си мој покровител од мајчината ми утроба; за Тебе вечно ќе пеам. За многумина бев како некое чудо, но Ти си мојот силен помошник. Нека се исполни устата моја со похвала, па со песна да ја величам славата Твоја; и цел ден да пеам за Твоето велелепие. Не отфрлај ме на старост, кога ќе почне силата моја да исчезнува, не напуштај ме, зашто непријателите мои зборуваат против мене; и оние, кои ја демнат душата моја, се договараат меѓу себе, велејќи: »Го остави Бог; гонете го и фатете го, зашто нема кој да го избави«. Боже мој, не се оддалечувај од мене; Боже мој, побрзај ми на помош! Да се посрамат и да исчезнат оние што ја клеветат душата моја; да поцрвенат и се засрамат оние, што ми сакаат зло. Јас, пак, секогаш ќе се надевам на Тебе и ќе Те восхвалувам сѐ повеќе. Устата моја ќе ја разгласува Твојата правда, и секој ден спасението од Тебе, зашто не им го знам бројот. Ќе влезам во силата Господова; Господи, ќе ја спомнувам Твојата правда – само Твојата. Боже, Ти ме поучуваше од младоста моја, и јас сѐ досега ги објавував чудесата Твои. И во староста, па и кога ќе престареам, Боже, не напуштај ме, за да ја објавувам мишката Твоја, силата Твоја и правдата Твоја на сегашниот род и на идниот, силата Твоја и правдата Твоја, Боже, дури до вишното небо, и за делата Твои со кои си ме возвеличил, Боже, кој е сличен на Тебе? Колку големи и тешки маки ми прати, но Ти пак ме оживуваше, кога Ти се обраќав, и пак ме изведуваше од земните длабини. Зголемувајќи ги Своите добрини исвртувајќи се кон мене, ме утешуваше и, пак ме изведуваше од земните бездни. И јас ќе ја славам меѓу луѓето на харфа Твојата вистина, Боже мој; ќе Те воспевам на гусла, Светецу Израилев! Ќе се радува устата моја, кога ќе Ти пеам, и душата моја, која си ја избавил. И јазикот мој секогаш ќе зборува за Твојата правда, кога ќе поцрвенеат и ќе се засрамат оние, кои ми пожелуваа зло. Боже, дај му го на царот Својот суд, а на царевиот син – Својата правда, за да им суди праведно на Твоите луѓе и на сиромасита Твои по правда. Горите нека им донесат мир на луѓето, и ритчињата – праведност, Он ќе им суди на бедните меѓу луѓето, и ќе ги спаси синовите на сиромасите, а клеветникот ќе го понизи. И ќе живеат, додека постои сонцето и месечината – од род во род. И ќе слезе како дожд на ливада, како капки што наросуваат земја. Во Негово време ќе зацари правда, и ќе има изобилен мир сѐ додека не се одземе месечината. И ќе владее од море до море и од реката до краиштата на земјата. Пред Него ќе паднат ничкум Етиопјаните, и непријателите Негови ќе ја лижат прашината; царевите на Тарсис и островјаните дарови ќе му принесуваат; и царевите на Арабија и од Саба дарови ќе му донесуваат. И ќе Му се поклонуваат сите цареви; ќе Му служат сите народи; зашто Он ќе избави беден од силник и сиромав, кој нема помошник. Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите; од лихви и неправди ќе ги избави душите нивни, и чесно ќе биде името нивно пред Него; и Он ќе поживее, па ќе му даваат арабиско злато; и ќе Му се молат непрестајно, секој ден ќе Го благословуваат; Ќе има тврдина на земја, по врвовите на горите; плодот Негов ќе се издига над Ливан, а во градовите луѓето ќе се размножуваат како тревата по земјата, Неговото име нека биде благословувано вечно: уште пред сонцето Неговото име постои; и во Него ќе бидат благословени сите земни племиња, а и сите народи ќе Го ублажуваат. Нека е благословен Господ Бог, Бог Израилев, Кој само Он прави чудеса; и нека е благословено Неговото славно име довека, и со славата Негова нека се исполни целата земја! Амин и амин! Завршија молитвите на Давида, Јесеевиот син. Колку е добар Бог кон Израилот, кон оние што се со чисто срце! А нозете мои за малку не потклекнаа, за малку чекорите мои ќе станеа несигурни, – зашто им позавидев на беззакониците, гледајќи како мирно живеат грешниците, оти не страдаат сѐ до самата смрт, и цврстина им е во бичот. во човечките работи не учествуваат и неволјите на другите луѓе нив не ги засегаат. Затоа гордоста владее со нив; се облекле во неправда и нечестие; неправдата им излегува како од сало, и му угодуваат на срцето; се подбиваат и лукаво зборуваат, за неправдата гордо говорат; ја креваат устата кон небото, а јазикот нивни ја обиколува земјата. Затоа народот Мој ќе се врати ваму, и своите денови ќе ги најде исполнети. И рекоа: »Како дозна Бог, и има ли знаење во Севишниот?« Ете, такви се грешниците и успеваат вечно да го држат богатството. И си реков: зар залудо го држев срцето свое во праведност и во невиност ги измив рацете свои. и се изложував на напријатности секој ден и на срам секое утро? Но акоречев: ќе расудувам и јас така, – тогаш ќе го изневерев родот на Твоите синови. И сакав тоа да го разберам, но тоа беше тешко за мене сѐ додека не влезам во Божјото светилиште и не го разбрав нивниот крај. Итака, заради подмолноста нивна дозволи да ги снајде зло, и ги понизи кога се возгордееја. Како запустеа, како ненадејно изчезнаа и загинаа поради своето беззаконие! Како сон кога човек се разбудува, така во градот Твој, Господи, образот нивни уништи го. Зашто срцето мое се разгоре и утробата моја се измени. А јас поразен и не разбрав, како добиче бев пред Тебе. Но Јас сум секогаш со Тебе: Ти ми ја придржуваш десницата моја, ме упати со советот Свој и ме прими во Твојата слава. Кого Го имам јас на небото освен Тебе? А кога сум со Тебе на земјата ништо не барам. Изнемоште срцето мое и телото мое; Боже на срцето мое и наследството мое, Боже, довека. Зашто, ете, оние, што се оддалечуваат од Тебе, пропаѓаат; Ти го истребуваш секого, кој отстапува од Тебе. А мене ми е добро да сум со Бога, на Господа ја полагам надежта моја, за да ги вознесувам сите похвали Твои кај портите на ќерката Сионова. Зошто Боже, нѐ отфрли засекогаш? Зошто гневот Твој се разгоре на овците од Твоето пасиште? Сети се на Твојот народ, кого уште од порано го придоби, ги избави со жезалот како наследсто Твое, тоа е гората Сионска, на која си се населил. Крени ги рацете Свои против нивната крајна гордост, против сите зла што непријателот ги направи во светилиштето Твое. И се пофалија Твоите непријатели среде празникот Твој; поставија свои бојни знаци како знамиња, но не ги познаа. зашто горе при влезот многу ги имаше, па како во густа горичка со секира ја исекоа нејзината врата, со секира и дрвен чекан одеднаш ја скршија; го запалија со оган Твоето Светилиште, го осквернија на земјата местото, на кое името Твое престојува. Рекоа во срцата свои оние што беа сродни на нив: »Ајде да отстапиме од сите Божји празници на земјата! Знаците свои не ги гледаме, нема повеќе ни пророк, и за нас нема веќе да се знае.« До кога, Боже, ќе се гордее над нас непријателот? Вечно ли противникот ќе го дразни името Твое? Зошто ја одвраќаш раката Своја и десницата Своја во пазувите Свои ја држиш? Но Бог е Царот наш уште од пред вековите, Он приготвил спасение среде земјата! Боже, со силата Своја Ти си ги утврдил морињата, и гисотре главите на водните страшила. Ти ѝ ја здроби главата на змијата и им ја даде како храна на народот етиопски. Ти ги отвори изворите и потоците, ти ги исуши реките итамски. Твој е денот и Твоја е ноќта: Ти си ги постави светилата и сонцето; Ти ги создаде сите предели на земјата, летото и пролетта Ти ги определи. Сети се сепак на ова; непријателот го навреди Господа; луѓе безумни го раздразнија Твоето име. Не прадавај ја на ѕверовите душата на оние кои се надеваат на Тебе; не заборавај ги засекогаш душите не сиромасите Твои. Погледај на Својот завет, зашто сите мрачни домови по земјата се исполнија со беззаконици; Да не се врати посрамен потиснатиот; сиромавиот и бедниот ќе го прославуваат Твоето име. Стани Боже, по правдата Своја пресуди; сети се како секој ден Те хули безумникот. Не заборавај го гласот на оние кои Ти се молат; гордоста на оние што Те мразат постојано се крева против Тебе. Ќе Те фалиме Тебе, Боже, ќе Те фалиме, и ќе го призиваме името Твое. Ќе ги разгласувам Твоите чудеса кога ќе дојде време; ќе судам по правда. Ќе се заниша земјата и сите, што живеат на неа. Но Јас ги зацарив столбовите нејзини. Им реков на оние, што вршат беззаконија: не отстапувајте од законот, и на грешниците: не дигајте рог, не кревајте го високо вашиот рог, не говорете против Бога неправда, зашто издигањето не доаѓа ни од исток, ни од запад, ниту, пак, од пустите гори; но Бог е судија: едни унижува, а други возвисува. Зашто чашата е во раката на Господа, со вино немешано, добро, и Он налева од неа по ред, но талогот нема да се источи; од него ќе пијат сите грешници на земјата. Јас, пак, вечно се радувам, ќе Му пеам на Јакововиот Бог, ќе го скршам рогот на сите грешници, а рогот на преведниците ќе се возвиси. Познат е Бог во Јудеја; големо е Неговото име во Израилот. Во светото е Неговото место, а Неговото живеалиште – на Сион. Таму Он ја порази силата на стрелите, штитот и мечот и војната. Светлината Твоја е чудесна од вечните гори. Се збркаа сите неразумни по срце; заспаа богатите луѓе и ништо не најдоа во рацете од богатствата свои. Од Твојата закана, Боже Јаковов, задремаа коњаниците. Ти си страшен, и кој ќе Ти се противстави Тебе? Оттаму е Твојот гнев. Од небесата се чу глас дека ќе судиш; земјата се уплаши и се смири. Кога Бог стана да суди, за да ги спаси сите кротки по земјата, бидејќи мислите свои луѓето ќе Ти ги исповедаат: а и остатокот од нив ќе Те прославува. Заветувајте се на Господа, вашиот Бог, и исполнувајте ги заветите; сите, што сте околу Него, принесувајте дарови, Страшниот, Кој ги скротува духовите и кнезовите, пострашен е од земните цареви. Со гласот свој повикав кон Господа, со гласот свој кон Бога, и Он ме услиши. Во денот на тагата моја Го побарав Бога ноќе, со издигнати кон Него раце и не се уморив; но душата моја не можеше да се утеши. Го спомна Бога и се развеселив, размислував и духот мој стана малодушен. Будни се очите мои, се возбудив и не можев да говорам. Размислував за првите дни, и се сетив за годините прастари, па се поучив; Размислував ноќе со срцето свое, а духот мој ме испитуваше; зар Господ засекогаш те отфрли и не сака ли повеќе да биде благонаклон, или засекогаш престанала Неговата милост, и Неговото слово се пресекло од род во род? Зар Господ заборавил на штедроста Своја? Зар во гневот Свој ќе го затвори Своето милосрдие? Па си реков: »Сега знам – десницата на Севишниот се изменила.« Се сетив за делата на Господа; се сетив за Твоите први чудеса; и ќе се поучам во сите Твои дела и ќе зборувам за постапките Твои. Боже, Твојот пат е свет. Кој Бог е толку голем, како нашиот Бог! Ти си Бог, Кој прави чудеса; Ти ја покажа силата Своја меѓу народите; Ти со мишката Своја го избави Твојот народ, синовите на Јакова и на Јосифа. Те видоа, Боже, водите, Те видоа водите и се разбрануваа, и бездните затрепереа. Голем шум од води се слушаше, загрме од облаците, зашто стрелите Твои пролетуваа. Гласот на Твојот гром се разнесуваше по небото; светкавици ја осветлуваа вселената; земјата трепереше и се тресеше. Твојот пат води кон морето, но Твоите патеки во многуте води и Твоите траги не ќе се познаваат. Ти ги водеше како овци луѓето Твои прекураката на Мојсеја и Арона. Внимавајте луѓе Мои на законот Мој, нека чуе увото ваше што зборува устата Моја. Ја отворам устата своја за парабола и ќе зборувам за непознатите работи од старо време. Сѐ чувме и дознавме и што ни раскажуваа татковците наши, не остана сокриено од нивните деца, зашто на идниот род му се раскажуваше славата на Господа и силата Негова, и чудесата Негови што Он ги изврши. Он подигна сведоштво во Јакова и положи закон во Израилот, и им заповеда на татковците наши сето тоа да им го објават на децата свои, за да знае идниот род, децата, што ќе се родат, та и тие во свое време да им раскажуваат на своите деца, да ги полагаат надежите свои на Бога, да не ги забораваат делата Божји, да ги чуваат Неговите заповеди и да не бидат како татковците нивни – род упорен и бунтовен, непостојан по срце и не му остана верен на Бога со духот свој. Синовите Ефремови, вооружени, стрелајќи со лакови, отстапија во денот на битката: тие не го запазија заветот на Бога и не сакаа да одат по Неговиот закон. Ги заборавија Неговите добрини и чудеса, што им ги беше покажал, чудесата што пред очите на нивните татковци ги направи во Египетската земја, во полето Танеос; го раздвои морето и ги преведе преку него, и ги постави водите како мев; дење ги водеше со облак, а по цела ноќ – со огнена светлина; разби карпа во пустињата и ги напои како од голема бездна. Од карпата изведе вода, и води потекоа како реки. Но тие продолжуваа и понатаму да грешат пред Него и да Ги огорчуваат Севишниот во пустињата: го искушуваат Бога со срцето свое, барајќи храна за своите души, па го нападнаа Бога, велејќи »Може ли Бог да приготви трпеза во пустиња?« Ете, Он удри во карпата – и бликнаа води, потекоа потоци. Може ли Он да му даде и леб, може ли да му приготви трпеза на Својот народ? Поради ова што го чу, Господ ги презре и пламна во гнев, и оган се разгоре против Јакова и гнев се крена против Израилот, затоа што не поверуваа во Бога и не се надеваат на спасението од Него. Он им заповеда на облаците одозгора и се отворија вратите на небесата, па ги одожди со мана за храна, и им даде леб небесен. Леб ангелски јадеше човекот: Он им испрати храна до наситување. Го раздвижи од небото јужниот ветар и со силата Своја го дотера југозападниот ветар, па ги одожди со месо како со прав и со птици пернати како со песок морски: ги нафрла среде нивниот табор, околу нивните живеалишта, и тие јадеаи се заситија: и тоа што го сакаа, им го даде. Но уште не беше минала нивната желба, и храната уште им беше во устата нивна, а гневот Божји дојде врз нив, ги уби нивните најсилни и Израилевите момчиња ги погуби. При сето тоа тие продолжуваа да грешат и не поверуваа во чудесата Негови. И така им минеа дните нивни во суета и годините нивни во смутови. Кога ги убиваше, тогаш Го бараа, се обрнуваа и прибегнуваа кон Бога, и се сеќаваа дека Бог е нивни помошник и дека Севишниот Бог е нивни избавител: и со устата своја Го мамеа, а со јазикот свој лажеа пред Него; но срцето нивно не Му беше наполно верно, и тие не беа цврсти во заветот Негов. Но Он, Милостивиот, им го простуваше гревот и не ги истребуваше, многупати ја отстрануваше јароста Своја и не го разгоруваше сиот Свој гнев: но Он знаеше дека се тие тело и здив што оди и не се враќа. Колкупати Го беа загорчувале во пустињата и Го беа разгневувале во безводната земја! И отстапуваа и одново Го искушуваа Бога и Го раздразнуваа Светецот Израилев; не се сеќаваа на Неговата рака, ни на денот кога Он ги избави од оној, што ги оскрбуваше; кога ги покажа во Египет Своте знаци и во полето Тенеос – Своите чудеса; и ги претвори реките нивни и потоците нивни во крв, за да не можат да пијат; испрати на нив бубачки да ги боцкаат и жаби да ги погубуваат; житото нивно го предаде на гасеници и трудот нивни на скакулци; лозјата им ги исчука со град и смоквите нивни – со слана. и добитокот нивни го уништи со град, а имотот нивни – со оган; го испрати врз нив гневот на јароста Своја, јарост, и гнев, и маки – одред зли ангели; го отвори патот на Својот гнев, не ги поштеди од смрт ни душите нивни и добитокот нивни го предаде на помор; уништи сѐ што беше првородено во Египет, привините од нивниот труд во Храмовите населби. Тогаш го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо преку пустињата: ги водеше сигурно, и тиене се уплашија; непријателите нивни ги покри морето – и Ги воведе во светата Своја гора, онаа, која десницата Негова ја беше придобила; и ги изгони од пред лицето нивно народите, а земјата им ја раздели со жреб во нивно наследство, и ги насели Израилевите колена во полињата нивни. Но Тие го искушуваа и Го огорчуваа Бога Севишниот и не ги пазеа наредбите Негови. Отстапија и се оттргнаа како татковците нивни, се претворија во искривен лак. Го ѕразгневуваа на ридовите свои и со своите идоли Го раздразнуваа. Бог го чу тоа, ги презре и многу го понизи Израилот; ја отфрли скинијата во Силом, во која се всели Он меѓу луѓето; и ја предаде во ропство нивната крепост и убавината нивна во рацете на непријателот; па го предаде Својот народ на меч и го презре Своето наследство. Момчињата нивни оган ги голташе, и за девиците нивни немаше брачни песни; свештениците нивни паѓаа од меч, и вдовиците нивни не беа оплакувани. Тогаш се разбуди Господ како од сон, како јунак од вино совладан, и ги порази непријателите Свои од зад грб и ги предаде на вечен срам. И го отфрли Јосифовиот шатор и не го избра коленото Ефермово, туку го избра коленото Јудино, гората Сион, која ја возљуби. И изгради светилиште Свое како небото и како земјата го утврди за секогаш, и го избра Давида својот слуга, го зеде од овчите стада, и од овците што се јагнат го доведе за да го пасе народот Негов, Јакова, и Израилот, наследството Негово. И Он ги пасеше со чисто срце и ги водеше со Својата мудра рака. Боже, незнабожците дојдоа во Твоето наследство, го осквернија светиот Твој храм, Ерусалим го претворија во урнатини. Мртвите тела на Твоите слуги им ги дадоа како храна на птиците небесни, а телата на Твоите светии – на земните ѕверови; ја пролија нивната крв како вода околу Ерусалим, и немаше кој да ги погребе. Станавме за потсмев на соседите наши, срам и подбив за оние што се околу нас; До кога, Господи, ќе се разгневуваш постојано, до кога ќе гори лутината Твоја како оган? Излеј го гневот Свој врз народите, што не Те познаваат, и врз царствата, кои не го признаваат името Твое, зашто тие го испојадоа Јакова и местото негово го опустошија. Не спомнувај ги нашите поранешни беззаконија, туку побрзај да нѐ престретнеш со Својата милосрдност, зашто многу сме осиромашени. Помогни ни, Боже, Спасителе наш, поради славата на името Твое, избави нѐ и очисти нѐ од гревовите наши заради името Твое! Зашто незнабожците да велат: »Каде е нивниот Бог?« Барем пред очите наши да ја видиме одмаздата над незнабожците за пролеаната крв на Твоите слуги. Да дојде пред Тебе офкањето на окованите; со силата на Твојата мишка зачувај ги синовите осудени на смрт. Седумкратно врати ги во пазувите на нашите соседи хулењата, со кои Те хулеа Тебе, Господи. А ние, пак, народот Твој и овци од Твоето пасиште, вечно ќе Те славиме и од род во род ќе разгласуваме за Тебе похвала. Пастиру Израилев, послушај! Ти, Кој го водиш Јосифа како стадо, Кој седиш на херувимите, јави се! Пред Ефрема, Венијамина и Манасија издигни ја силата Своја и дојди да нѐ спасиш. Боже, поврати нѐ; нека светне лицето Твое, и ние ќе се спасиме! Господи, Боже на силите, до кога ќе бидеш гневен на молитвата од слугите Твои? Ќе нѐ храниш ли со солзлив леб, и напојуваш со солзи изобилно? Нѐ направи приказ за кавги меѓу нашите соседи, и нашите непријатели ни се смеат. Господи, Боже на силите, поврати нѐ! Нека светне лицето Твое, и ние ќе се спасиме! Ти ја пренесе од Египет лозата, ги изгони народите и ја посади; исчисти за неа место, и ги зацврсти корењата нејзини, и таа ја исполни земјата. Горите се покрија од сенката нејзина, и гранките ѝ се како кедрови Божји; таа пушти гранки до морето и младици до реката. Зошто ја сруши нејзината ограда, па да ја берат сите, што минуваат по патот? Горскиот вепар ја подгризува, и полската ѕверка ја јаде. Боже на силите! Сврти се, погледај од небесата и види го и посети го ова лозје; и утврди го она што го посади десницата Твоја; погледај и на синот човечки, што си го зацврстил за Себе. Тоа е со оган обгорено и раскопано; од страв пред Твоето лице нека пропаднат. Твојата десница нека биде раката Твоја над човекот, и на синот човечки, кого си го зацврстила за Себе. А ние нема да отстапиме од Тебе; оживи нѐ, и ние ќе го призиваме Твоето име. Господи, Боже на силите, поврати нѐ; нека свети лицето Твое, и ние ќе се спасиме! Радувајте се во Бога, нашиот помошник, воскликнете кон Бога Јаковов; запејте песна, удрете во тимпан, во милозвучно гусле со псалтир; затрубете со труба во новомесечје, во определено време, во денот на вашиот празник, зашто тоа е закон за Израилот, наредба од Бога Јаковов. Он го установи тоа како сведоштво за Јосифа, кога тој излезе од Египетската земја, каде што чу јазик, што не го знаеше: »Јас го симнав товарот од рамениците негови, и му ги ослободив рацете негови од кошницата. Во маката своја ти Ме повика, и Јас те избавив; при гром те чув, кај водите на Мерива те испитав. Чуј, народе Мој, и Јас ќе ти посведичам, ако Ме послушаш, Израиле! Да немаш друг бог и дане му се клањаш на друг земен бог. Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од Египетската земја; отвори ја устата своја, и Јас ќе ја исполнам. Но мојот народ не го послуша гласот Мој, и Израилот не Ми се поклони; затоа Јас ги оставив на нивните упорни срца; нека одат по мислите свои. О, да беше Ме послушал Мојот народ и Израилот да одеше по Моите патишта, веднаш ќе ги смирев нивните непријатели и ќе ја свртев раката Своја против оние што го оскрбуваа.« Оние, што го мразат Господа, сакаа да Му се приближат, и нивното дружење би продолжило за секогаш; ќе ги хранев со најдобра пченица и ќе ги наситував со мед од камен. Бог застана во собранието на »боговите«; меѓу »боговите« изрече суд: До кога ќе судите неправедно и спрема грешниците ќе покажувате пристрастност? Пазете на сирак и беден, праведен и сиромав; ослободувајте го сиромавиот и бедниот од рацете на грешниците. Не знаат, не разбират, во темнина одат; сите земни основи ќе се разнишаат, Јас реков: »вие сте богови, вие сте сите синови на Севишниот; но вие ќе умрете како луѓе, и ќе паѓате како секој кнез.« Стани, боже, суди ѝ на земјата, зашто Твои се по наследство сите народи. Боже, кој може да се спореди со Тебе? Не премолчувај, и не смирувај се Боже, зашто ете Твоите непријатели вреват, а оние, што Те мразат, кренаа глава; против Твојот народ зло наумија и се советуваат против светите Твои; рекоа: »Да отидеме и да го истребиме меѓу народите, па да не се спомнува повеќе името Израил.« Се договорија еднодушно, склучија против Тебе сојуз; населбите Едомови и Исмаилски, Моав и Агарјани; Гавал, Амон, Амалик и другоплемениците се оние што живеат во Тир, бидејќи и Асур се придружи кон нив, па станаа помош за синовите Лотови. Направи ми го истото, како што им направи на Мадијамците, како и на Сисарите, како и на Јавин кај потокот Кисон, кои беа истребени во Аендор и станаа ѓубре за земјата. Постапи сонив, со нивните кнезови, како со Орив и Зива и со сите нивни кнезови, како со Зевеј и Саламан, бидејќи велат: »Да го присвоиме за себе светилиштето Божјо!« Боже мој, заповедај да станат како виор и како плева пред ветар; како оган што изгорува дубрави, и како пламен што запалува гори. Така и Ти подгони ги лицата нивни со бесчестие, па да го побараат името Твое, Господи! исполни ги лицата нивни со бесчестие, па да го побараат името Твое, Господи! Да се засрамат и да се збунат засекогаш, да се посрамат и да загинат, и да познаат, дека името Ти е Господ, и дека Ти си единствен Севишен над целата земја. Колку се мили Твоите живеалишта, Господи на силите! Копнее душата моја сакајќи да е во Господовите дворови; срето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог. И птичката си наоѓа живеалиште, и ластовичката гнездо, каде што ќе ги положи пилињата свои, а јас при олтарите Твои, Господи на силите, Цару мој и Боже мој! Блажени се оние, кои живеат во домот Твој тие постојано Те фалат. Блажен е оној човек, кој заштита бара кај Тебе и во чие срце се патиштата Твои. Преминувајќи јадолината на плачот, тие наоѓаат извори во неа, и дожд ја покрива со благослови; минуваат од сила во сила, се јавуваат пред Бога, на Сион. Господи, Боже на силите, услиши ја молитвата моја, послушај, Боже Јаковов! Боже, заштитнику наш, погледај и види го лицето на твојот помазаник! Зашто еден ден во Твоите дворови е подобар отколку – илјада дни надвор. Повеќе сакам да бидат на прагот пред Божјиот дон, отколку да живеам во населбите на грешниците. Бидејќи Господ Бог сака милост и вистина, дава благодат и слава; Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно. Господ на силите, блажен е оној човек, кој се надева на Тебе! Господи, Ти омиле земјата Твоја, го врати од пленство Јакова. Ти им ги прости беззаконијата на Твоите луѓе, ги покри сите нивни гревови, го смири сиот Свој гнев, ја ублажи јароста на гневот Свој. Поврати нѐ, Боже, спасение наше, и одврати ја Твојата јарост од нас. Зар вечно ќе се гневиш на нас, или ќе го протегнеш гневот Свој од род во род? Нема ли, Боже, да се повратиш, и пак да нѐ оживееш, и луѓето Твои да се зарадуваат во Тебе? Покажи ни ја, Господи, Твојата милост, и подари ни спасение. Ќе чујам што ќе ми рече Господ Бог, зашто Он ќе зборува за мир на Својот народ и на Своите светии, и на оние што со срцето свое Му се обраќаат Нему. Да, спасението од Него е блиску до оние, кои се бојат од Него, за да ја насели славата своја во нашата земја. Милоста и вистината ќе се сретнат, правдата и мирот ќе се целиваат. Вистината ќе изникне од земјата, а правдата ќе се појави од небото; Зашто Господ ќе даде добро, и нашата земја ќе го даде својот плод; правдата ќе оди пред Него и на патот ќе ги става стапките свои. Приклони го, Господи, увото свое и услиши ја молитвата моја, зашто сум беден и сиромав. Зачувај ја душата моја, зашто сум смирен; спаси го слугата Твој, Боже мој, кој се надева на Тебе. Помилуј ме, Господи, зашто кон Тебе викам секој ден. Развесели ја душата на Твојот слуга, оти кон Тебе, Господи, ја вознесувам душата своја; зашто Ти, Господи, си добар, кроток и многумилостив кон сите, кои Те признаваат. Чуј ја, Господи, мојата молитва и послушај го гласот на молбата моја. Во денот на мојата мака повикав кон Тебе, и Ти ме чу. Меѓу боговите нема таков каков што си Ти, Господи, и нема дела како Твоите. Сите народи што си ги создал Ти, ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, Господи, и ќе го прославуваатимето Твое, зашто Ти си велик и правиш чудеса, – Ти си Бог единствен! Упати ме, Господи, кон Твојот пат, и јас ќе одам во Твојата вистина; и нека се радува срцето мое, плашејќи се од името Твое. Ќе Те славам, Господи, Боже мој, од сѐ срце и вечно ќе го прославувам името Твое, зашто Твојата милост кон мене е голема: Ти ја спаси душата моја од длабините на пеколот. Боже, законопрестапниците станаа против мене, и многуте насилници ја бараат душата моја: тие Те немаат Тебе пред себе. Но Ти, Боже, Кој си штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистинит, погледни на мене и помилуј ме; дај му ја Твојата сила на слугата свој и спаси го синот на слугинката Твоја; покажи со мене чудо за добро, па да видат оние, што ме мразат, и да се засрамат, зашто Ти, Господи, ми помогна и ме утеши. Основите Негови се горите свети. Господ ги сака портите Сионски повеќе од сите населби на Јакова. Граде Божји, преславно се зборува за тебе. »Ќе им спомнам на оние кои ме знаат, за Раав и Вавилон; ете, другоплемениците, и Тир, и луѓето од Етиопија, и тие се родија таму беа.« А за мајката Сион ќе речат: тој и тој човек се роди во него, и Самиот Севишни го зацврсти. Кога ќе се пребројуваат народите и кнезовите, Господ ќе напише: сите досега таму се родија. Оние што пеат се радуваат; пеат и велат – сите наши извори во Тебе се. Господи, Боже на моето спасение, дење Те призивам и ноќе сум пред Тебе: за да дојде пред Тебе молитвата моја, приклони го увото Свое кон молбата моја, Господи, зашто душата моја е полна со јад и животот се приближи до адот. Се изедначив со оние, што слегуваат во гроб; станав како човек без помош – слободен меѓу мртвите; како фрлени и ранети што лежат во гроб, за кои Ти веќе не се сеќаваш; тие се оттурнани од Твојата рака. Ме положија во подземен ров, во мрак и во смртна сенка. Ја истури врз мене Твојата јарост, и со сите Свои бранови ме поразуваш. Ти ги оддалечи од мене моите познати, ме направи одвратен за нив; затворен сум и не можам да излезам. Очите мои ослабеа од сиромаштија: цел ден викам кон Тебе, Господи, ги протегам рацете кон Тебе. Зар на мртовци ќе правиш чуда? Зар сенките ќе се кренат и ќе Те слават? Зар во гроб некој ќе кажува за твојата милост и за Твојата вистина – местото на распаѓањето? Зар во темнината ќе ги познаат Твоите чудеса, и во земјата на заборавот – твојата правда? Но јас повикав кон Тебе, Господи, и наутро молитвата моја Те испреварува. Зошто, Господи, ја оттурнуваш душата моја и го одвраќаш лицето Свое од мене? Јас сум несреќен и од младини се мачам; се возгордеав, се смирив и изнемоштен сум. Над мене се надви Твојата јарост, Твоите заплашувања наполно ме скршија. Секој ден ме опкружуваат како вода: сите заедно ме опседнуваат. Ти го оддалечи од мене ближниот и пријателот; моите познати не се гледаат. Милоста, Твоја, Господи, вечно ќе ја воспевам, од род во род ќе ја разгласувам со устата своја Твојата вистина. Зашто рече: милоста е за вечност установена, а на небото Ти ја утврди Твојата вистина. »Јас поставив завет со Моите избраници, му се заколнав на Мојот слуга Давида: за вечност ќе го одржувам твоето потомство, од род во род и ќе го утврдувам твојот престол.« И небото ќе ги прославува. Господи, Твоите чудесни дела и Твојата вистина во собранијата на светиите. Зашто, кој на облаците ќе се споредува со Господа и кој од синовите Божји ќе се изедначи со Господа? Во соборот на светиите Бога Го прославуваат; велик е и страшен за сите што Го окружуваат. Господи, Боже на силите, кој е еднаков со Тебе. Силен Си Ти, Господи, и вистината Твоја е околу Тебе. Ти управуваш со силата морска и силните бранови негови, Ти ги скротуваш. Ти го поразуваш гордиот како ранет, со Твојата крепка рака ги распрснуваш непријателите Свои. Твои се небесата и твоја е земјата; вселената и она, што ја исполнува, Ти си ја основал. Север и југ Ти си ги создал; Тавор и Ермон за Твоето име се радуваат. Силна е Твојата мишка, црвста е раката Твоја, високо е издигната десницата Твоја! Правдата и судот се основа на Твојот престол; милоста и вистината одат пред Твоето лице. Блажени се луѓето, што го познаваат трубниот глас. Тие одат во светлината на Твоето лице, Господи; за Твоето име се радуваат цел ден и со Твојата правда се возвишуваат, зашто Ти си похвала на силите нивни и со Твоето благоволение се издига нашиот рог, бидејќи нашата заштита доаѓа од Господа и од светецот Израилев, нашиот Цар. Некогаш Ти си им зборувал на Твоите синови во видение и си рекол: »Јас му дадов помош на силниот, го издигнав избраникот меѓу Мојот народ. Го најдов Мојот слуга Давида; со својот свет елеј го помазав. Раката Моја ќе го застапува, и мишката моја ќе го закрепнува. Непријателот не ќе може ништо да му направи, и синот на беззаконието нема да го измачува. Ќе ги уништам пред него непријателите негови и ќе ги победам оние, што го мразат. И Мојата вистина и Мојата милост се со него, и преку Моето име ќе се возвишува неговиот рог. И ќе ја положам над морето раката негова, и над реките – десницата негова. Тој ќе ме призива: Ти си мој Отец, мој Бог и крепост на моето спасение. И Јас ќе го направам првороден син, повисоко од земните цареви, засекогаш ќе му ја зачувам Мојата милост и Мојот завет со него да биде верен. И ќе го продолжам за секогаш неговото потомство и неговиот престол, – колку деновите на небото. Ако синовите негови го остават Мојот закон и не одат по Моите заповеди; ако ги нарушат Моите наредби и не ги запазуваат Моите повелби, тогаш ќе ги посетам со жезалот поради нивното беззаконие, и со рани – заради неправдите нивни; но милоста Своја нема да ја одземам од него и вистината нема да ја превртам. Нема да го нарушам Мојот завет и нема да го изменам она, што излегло од устата Моја. Еднаш се заколнав во светоста Своја: ќе ги излажам ли Давида? Неговото потомство вечно ќе пребива, неговиот престол ќе биде како сонце пред Мене, засекогаш ќе стои како месечината; и верен сведок е на небото.« Но Ти го отфрли и го презре, негодуваше на Твојот помазаник; го разруши заветот со Твојот слуга, го оскверни светилиштето негово на земјата; ги разруши сите негови огради, ги претвори во урнатини неговите крепости. Го ограбуваат сите што поминуваат по патот; тој стана за потсмев на своите соседи. Ти ја возвиши десницата на неговите противници, ги зарадува сите непријатели негови; Ти му откажа помош на мечот негов и во борбата не го поткрепи; ја одзеде од него чистотата и го урна на земја престолот негов; ги скрати деновите на времето негово и го покри со срам. До кога, Господи, ќе се одрваќа непрестајно? Го кога ќе гори гневот Твој како оган. Спомни си, колкав е векот мој: за каква суета си ги создал сите синови човечки. Кој од луѓето ќе живее, а смрт да не види, и да ја спаси душата од пеколот? Каде се Твоите поранешни милости, Господи, за кои му се заколна на Давида во Твојата вистина. Сети се, Господи, на подбивите од слугите Твои што ги носам во пазувите свои од многуте народи; на подбивите од Твоите непријатели, Господи, со кои ја валкаат трагата на Твојот помазаник. Нека е благословен Господ во сите векови! Амин, Амин! Господи, Ти си ни прибежиште од род во род. Дури уште пред да се појават горите, и пред создавањето на земјата и на вселената, отсекогаш и за секогаш Ти постоиш. Не враќај го човекот во прав, бидејќи си рекол: »обратете се синови човечки!« Зашто пред Твоите очи илјада години се како вчерашен ден, што поминал, и колку една стража преку ноќта. Годините нивни минуваат; тие се како трева – изутрина; наутро ќе процути и ќе помине, а навечер паѓа и се исушува. Така и ние исчезнуваме од Твојот гнев, и од Твојата јарост сме во забуна. Ти си ги поставил пред Себе нашите беззаконија, векот наш е во светлината на лицето Твое. Сите наши дни се скратуваат и од Твојот гнев исчезнуваат, па веќе нѐ нема; нашите години се трудеа како пајак. Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и болести, бидејќи брзо минуваат и ние летаме со нив. Која ја знае силата на Твојот гнев, па во стравот пред Твојата јарост да се плаши? Научи нѐ така со десницата Твоја, па да се здобиеме со мудро срце. Сврти се, Господи, до кога вака? Смилувај се на Твоите слуги. Се исполнивме изутрина со Твојата милост, Господи, и се зарадувавме и се развеселивме во сите наши дни, се развеселивме за оние дни, кога нѐ понизуваше, за годините, во кои видовме зло. па призри на слугите Твои и на делата Твои, и научи ги синовите нивни. И славата на нашиот Господ Бог нека биде со нас, и во делата на рацете наши помагај ни. Кој живее пок закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небескиот Бог. И ќе Му рече на Господа: Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на Тебе ќе се надевам! Зашто Он ќе те избави од стапицата на ловецот, и од збор кој збунува. Со плеќите Свои ќе те осени и под крилјата Негови ќе бидеш во сигурност: како што ќе те окружува Неговата вистина. Нема да се уплашиш од ноќен страв, ни од стрела што лета дење, од суштества што одат во темнина, од зараза и од бес што опустошува напладне. Покрај тебе ќе паднат илјада, и десет илјади десно од тебе; но до тебе нема да се приближат; само ќе гледаш со очите свои и ќе ја гледаш отплатата на грешниците. Зашто, ти, си Господи, надеж моја, Севишниот го избра за Свое прибежиште; зло нема да Ти се случи, и невојла нема да Ти се приближи до телото Твое; затоа што ќе им заповеда на ангелите Свои за Тебе, да Те чуваат на сите патишта Твои. Ќе Те понесат на раце, да не ја сопнеш од камен ногата Своја; на отровница и на змија ќе нагазуваш, лав и змеј ќе убиваш. »Бидејќи се надеваше на Мене, и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое. Ќе повика кон Мене, и ќе го чујам; со него сум во неволја; ќе го избавам и ќе го прославам, ќе му дадам многу денови и ќе му го јавам спасението од Мене.« Добро е да се слави Господ и да Му се пее на името Твое, Севишни, да се возвестува наутро милоста Твоја, и секоја ноќ – Твојата вистина, на десетострунен псалтир, со песна на гусле. Зашто Ти ме развесели, Господи, со Твоите созданија, и од делата на Твоите раце е зарадував. Колку се големи делата Твои, Господи! многу се длабоки Твоите помисли! Безумниот човек не ќе може да ги узнае, и неразумниот нема да го разбере тоа. Кога грешниците никнуваат како трева, и кренат глава оние што вршат беззаконие, тоа е за да бидат истребени засекогаш, – Ти си, Господи, Севишни секогаш! Зашто, еве, непријателите Твои, Господи, ќе пропаднат и ќе се растураат сите што вршат беззаконие; а мојот рог Ти го вознесуваш како рог на еднорогот, и староста моја со елеј се помазува, и окото мое ги погледа непријателите мои, и увото мое ќе чуе за побунетите против мене беззаконици. Преведникот процути како палма, ќе се издигне како кедар ливански. Засадените во домот Господов, ќе процутат во дворовите на нашиот Бог; тие и во староста ќе бидат плодни, помазани и ќе живеат угодно, за да возвестуваат дека е праведен Господ, нашиот Бог, и дека нема неправда од Него. Господ се зацари; се облече во велелепие, Господ се препаша со сила, затоа што вселената ја зацврсти и нема да се разниша. Твојот престол е утврден од почетокот на времето; Ти постоиш отсекогаш. Ги издигнаа реките, Господи, ги издигнаа реките гласовите свои. Но од бучењето намногуте води, чудесни се морските бранови, чудесен е Господ во висините Свои. Сведоштвата Твои се многу уверливи. На твојот дом, Господи, му припаѓа светост за долго време. Бог Господ е одмаздник Боже на одмаздата покажи се! Стани, Судијо на земјава, дај им отплата на гордите. До кога грешниците, Господи, до кога грешниците ќе се фалат, мрморат и кажуваат неправда, до кога ќе зборуваат така сите што вршат безааконие? Го газат Твојот народ, Господи, и го озлобуваат Твоето наследство; вдовица и сирак убија, и придојден убија. па рекоа: Господ нема да види, ни Бог Јаковов нема да дознае. Вразумете се, вие што сте безумни! И дали вие, луѓе, некогаш ќе се опаметите? Оној, Кој го насадил увото, нема ли да чуе, и Оној што го поставил окото, нема ли да види? Оној, Кој ги вразумува народите, и Кој го учи човекот на знење, зар нема да казни? Господ ги знае човечките мисли, знае дека се тие суетни. Блажен е оној човек, кого го казнуваш Ти, Господи, и го поучуваш на Твојот закон, за да му дадеш мир во лошите денови, додека за грешникот не се ископа гроб! Зашто Господ нема да го отфрли Својот народ и нема да го остави Своето наследство. додека правдата не се обрне во суд и по него не се држат сите прави по срце. Кој ќе се крене за мене против лукавите или кој ќе стои покрај мене против оние што вршат беззаконие? Да не ми беше помогнал Господ, душата моја брзо ќе се преселеше во адот. Кога ќе речев: ногата ми се поколеба, – Твојата милост, Господи, ме помагаше. Кога се намножуваа тешкотиите и во срцето мое, Твоите утехи ја развеселуваа душата моја. Па зар до Тебе ќе се приближи престолот безбожнички, оној што работи спротивно на законот Твој. Ја ловат душата на преведникот и осудуват невина крв. Но Господ е мое прибежиште и Бог мој – сигурност во надежта моја. Он ќе го свртиврз нив нивното беззаконие, и според злобата нивна ќе ги погуби Господ Бог. Дојдете да се возрадуваме во Господа и да воскликнеме кон Бога, Спасителот наш; да побрзаме пред лицето Негово со славословие, и со псалми да Му воскликнеме, зашто Бог е велик Господ и Цар голем по целата земја. Зашто во Неговите раце се сите краишта на земјата, а горските височини се исто така Негови. Бидејќи Негово е морето, и Он го создаде, а рацете Негови го создадоа и сувото. Дојдете, да Му се поклониме и да паднеме ничкум, да заплачеме пред лицето на Господа, нашиот Творец; зашто Он е Бог наш, а ние сме народ од Неговото пасиште и овци од Неговите раце. О, денес да бевте го послушале Неговиот глас! »Не ожесточувајте ги срцата ваши, како во Мерива, во деновите на искушението во пустињата, каде што Ме искушуваа вашите татковци, Ме испитуваа и ги видоа делата Мои. Четириесет години негодуваа против тој народ и реков: овие луѓе се заблудуваат во срцето свое и не ги познаа патиштата Мои, па затоа се заколнав во гневот Свој, дека тие нема да влезат во Мојот мир.« Запејте Му на Господа песна нова, запеј Му на Господа, цела земјо! Пејте Му на Господа, благословувајте го името Негово, благовестите го од ден на ден спасението од Него; разгласувајте ја меѓу народите славата Негова, и на сите народи – чудесата Негови; зашто велик е Господ и достоен за пофалба, страшен е Оне над сите богови. Бидејќи сите богови на незнабожците се бесови, а Господ го создаде небото. Слава и величие се пред лицето Негово, светост и великолепие – во светилиштето Негово. Воздајте Му на Господа, племиња народни, воздајте Му слава и чест; воздајте Му на Господа слава на името Негово, земете жртви и влезете во неговите дворови; поклонете Му се на Господа во светите дворови Негови. Да затрепери пред лицето Негово целата земја! Кажете им на народите: Господ се зацари! затоа цврста е вселената, нема да се разниша. Нека се развесели небото и да се возрадува земјата, нека се раздвижи морето и она што го исполнува; нека се радуваат полињата и сѐ што е на нив, да ликуваат сите дрвја по дубравите, пред лицето на Господа, зашто иде, зашто Он иде да ѝ суди на земјата. Он ќе ѝ суди на вселената по правда, и на народите – според Својата вистина. Господ се зацари: нека се радува земјата; нека се веселат многубројните острови. Облак и мрак е околу Него; правда и судот се основа на Неговиот престол. Пред Него оган врви и ги гори непријателите Негови наоколу. Неговите молњи ја осветлуваат вселената; земјата гледа и трепери. Горите се топат како восок од лицето на Господа, од лицето на Господа, по целата земја. Небесата ја разгласуваат Неговата правда, и сите народи ја видоа Неговата слава. Нека се засрамат сите, кои се клањаат на кипови, кои се фалат со своите идоли. Поклонете Му се сите ангели Негови. Чу Сион и се зарадува, се веселат ќерките Јудини заради Твоите пресуди, Господи, зашто Ти си Господи, Севишни на целата земја, повисок си од сите богови. Вие, кои Го сакате Господа, мразете го злото! Ја чува Господ душата на своите светии; од раката на грешниците ќе ги избави. Светлина засветли над предникот, а на правите по срце – радост. Радувајте се, праведни, во Господа и славете го споменот на светоста Негова. Запејте Му на Господа нова песна, зашто создаде чудесни работи, Неговата десница, Му помогна и Неговата света мишка. Господ го објави Своето спасение, пред очите на народите ја откри Својата правда. Се присети Он за својата милост кон Јакова и на вистината Своја кон домот Израилев; сите краишта земи го видоа спасението од Нашиот Бог. Воскликни Му на Господа, цела земјо; запеј, радуј се и пеј; пејте Му на Господа со гусли, со гусли и со глас псаломски; во труби ковани и во труби од рог затрубете пред Царот – пред Господа. Нека шуми морето и сѐ она што го исполнува: вселената и сите што живеат во неа; да заплескаат со раце реките и заедно со горите да се зарадуваат пред лицето на Господа! зашто Он доаѓа да ѝ суди на земјата. Он ќе ѝ суди на вселената по правда и народите – правично. Господ се зацари: нека треперат народите! Он седи на херувими: нека се затресе земјата! Велик е Господ на Сион и возвишен е Он над сите народи. Нека го слават името Твое велико: зашто тоа е страшно и свето. И геста на Царот, сака праведен суд; Ти утврди правда; суд и правда Ти изврши кај Јакова. Превознесувајте Го Господа, нашиот Бог, поклонувајте Му се во подножјето на нозете Негови, зашто тоа е свето! Мојсеј и Арон беа меѓу свештениците свои, а Самуил меѓу оние, кои го призовуаа името Негово. Ти го призовуваа Господа и Он ги слушаше. Во облаков столб Он им говореше, зашто тие ги пазеа Неговите заповеди и наредби, што им ги даваше. Господи, Боже наш, Ти ги слушаше. Боже, Ти беше милостив спрема нив и ги казнуваше сите нивни лоши постапки. Возвишувајте Го Господа, нашиот Бог, и поклонувајте се пред Неговата света гора, зашто свет е Господа, нашиот Бог. Воскликни Му на Господа, цела земјо! Служете Му на Господа со радост; излегувајте пред Него со восклик! Знајте дека е Господ, дека е Он Бог наш, дека Он нѐ создаде нас, а не ние самите; Негови сме – Негов народ и овци од Неговото пасиште. Влегувајте низ Неговите порти со славословие, во Неговите дворови со песна; славете Го, фалете го името Негово, зашто благ е Господ: Неговата милост е вечна и Неговата вистина е од род во род. Со песна ќе го прославам милоста и судот, Господи. Ќе Ти пеам и ќе размислувам за патот непорочен: кога ќе ми пријдеш? Среде мојот дом одев со чисто срце. Не ставив пред очите мои ништо незаконски; престапите ги мразам. Развратно срце нема да се прилепи до мене; за лукавиот не сакав да знам. Оној што тајно го клевети ближниот свој, го изгонувам; со оној, што е со горделиви очи и ненаситно срце, не јадев. Очите ми се управени кон верниците на земјата, за да седат со мене; кој одеше по патот непорочен, тој ми служеше. Не живееше во мојот дом оној, кој гордо постапува; кој говори лага, не можеше да остане пред очите мои. Од рани зори ги убивав сите грешници на земјата, за да ги истребам од Господовиот град сите, што вршат беззаконие. Господи, услиши ја молитвата моја и повикот мој нека дојде до Тебе! Не одвраќај го лицето Свое од мене, во денот на мојата жалост приклони го увото Твое кон мене; во деност, кога Те повикувам, услиши ме бргу, зашто дните ми исчезнуваат како дим, а коските мои се исушија како суварки; попарен сум како трева, срцето ми е исушено, така што заборавив и лебот свој да го јадам; од гласот на моите воздишки коските ми се залепија за телото мое. Заприлегав на несит во пустиња; станав како був во урнатини; не спиев, седев како самотна птица на покрив. Секој ден ме навредуваа непријателите мои, и фалејќи се, ме проколнуваа. Јадев пепел како леб и пијалокот свој со солзи го растворав. Поради гневот и јароста од лицето Твое бев воздигнат и соборен. Дните мои исчезнуваа како сенка и јас се исушив како сено. А Ти, Господи, вечно пребиваш; и споменот за Тебе е од род во род. Кога ќе станеш, ќе се смилуваш на Сион, зашто време е да се смилуваш на него – зашто дојде времето; бидејќи на Твоите слуги им омилеа и камењата негови и за правот негов жалат. Незнабожците ќе се заплашат од името на Господа, а сите земни цареви – од Твојата слава. Зашто Господ ќе го изгради Сион и ќе се појави во славата Своја; ќе погледне милостиво на молитвите од беспомошните и нема да ги презре молибите нивни. Нека се запише ова за следниот род, и идното поколение што ќе Го слави Господа, зашто се јави од светата Своја височина, Господ од небесата погледна на земјата, за да ги чуе офкањата на окованите, да ги ослободи синовите од смртта, за да го разгласат името Господово на Сион и похвалата Негова во Ерусалим, кога ќе се соберат народите и царствата заедно да му служат на Господа. Он ми ја откажа заштитата Своја на патот мој, ме извести дека ги скратува дните мои. Боже мој! Не земај ме на половината од деновите мои. Твоите години се од род во род. Во почетокот Ти, Господи, ја основа земјата, небесата се дело на Твоите раце; тие ќе пропаднат, а Ти ќе пребиваш; сите тие – како облека ќе оветвеат, и како наметка Ти ќе ги свиткаш, и ќе се изменат; но Ти си секогаш истиот, и Твоите години нема да завршат. Синоивте на Твоите слуги ќе се веселат и потомството нивно ќе се зацврсти за навек. Благословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име. Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини, на Оној, Кој ги очистува сите твои беззаконија, Кој ги исцелува сите твои болести; Кој го избавува од распаѓање твојот живот, Кој те овенчува со милост и со добрини. Кој ја исполнува со блага твојатажелба, како на орел ќе се обновува твојата младост. Господ им дава милост и суд на сите онеправдани. Он му ги покажа Своите патишта на Мојсеја, на Израилевите синови – барањата Свои. Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив; Он не се гневи до крај, ниту вечно се лути. Оне не ни направи ништо според нашите безааконија и не постапи според нашите гревови; зашто, колку е големо растојанието од небото до земјата, толку е голема милоста на Господа спрема оние што се бојат од Него; колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечил Он од нас нашите беззаконија; како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него. Зашто Он го знае нашиот состав, помни дека сме земја. Дните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој; ќе дувне ли над него ветар, и веќе го нема, и местото веќе нема да се познава А милоста на Господа е од век до век спрема оние, кои се бојат од Него, и правдата Негова е од синовите на синовите, кои го чуваат заветот Негов и ги помнат заповедите Негови, за да ги исполнуваат. Господ го поставил Својот престол на небото, и царството Негово владее над сѐ. Благословувајте Го Господа – сите ангели Негови крепки по сила, кои го извршуваат Неговиот збоар, слушајќи го гласот од зборот Негов; благословувајте Го Господа – сите Негови војски, Негови служители, кои ја испонувате волјата Негова; благословувајте Го Господа сите Негови дела, по сите места на Неговото владеење. Благословувај Го, душо моја, Господа! Благословувај Го, душо моја, Господа, Господи, Боже мој, ти си севозвеличил; во слава и велелепие си се облекол; Ти си се облекол во светлина како со облека, си го прострел небото како шатор; со вода си ги покрил Твоите дворови, облаците си ги направил за да одиш по нив, кога се движиш – ветрот Ти служи како крилја. Ветровите ги правиш Свои гласници, а слугите Свои огнен пламен. Ти си ја поставил земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш. Си ја покрил со бездна како со облака, води ќе стојат на горите. Од Твојата закана тие бегаат, од гласот на Твојот гром се бојат; се издигаат горите, се спуштаат долините, на места што си им ги определил. Си поставил граница преку која нема да преминат, ниту ќе се вратат да ја покријат земјата. Си управил извори во долините: меѓу горите течат води, ги напојуваат сите полски ѕверови; дивите осли ја гаснат жедта своја. При нив живеат птици небесни, меѓу камењата пуштаат глас. Ти ги напојуваш горите од своите височини, од плодовите на Твоите дела се наситува земјата. Ти правиш да расте трева за добитокот и растение за потреба на луѓето, за да произведат леб од земјата и виното што го весели срцето на човекот, и елејот од кој блеска лицето негово, и лебот што го закрепнува срцето на човекот. Се заситуваат дрвјата по полето, кедрите ливански, што си ги посадил; на нив птиците си прават гнезда, елките им се живеалишта на штрковите. Високите гори – на срните; камењата – прибежиште на зајаците. Он ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето го знае својот запад. Спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови; лавовите рикаат за плен и бараат од Бога храна за себе. Изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла; човекот излегува по своја работи и работи до вечерта. Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; земјата е полна со Твои созданија. А тоа море е големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни; таму пловат кораби, таму е чудовиштето што си го создал да игра во него. Сите тие од Тебе чекаат да им дадеш храна навреме. Им даваш – примаат, ја отвораш раката Своја – се наситуваат со блага; го одвратиш ли лицето Свое – се збунуваат, им го одземеш ли духот нивни – умираат и во земјата своја се враќаат. Го праќаш ли духот Свој – се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата. Нека пребива славата на Господа вечно; нека се весели Господ за делата Свои! Погледнува ли кон земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие димат. Ќе му пеам на Господа преку целиот мој живот, ќе му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам. Нека Му биде мила беседата моја! ќе се веселам во Господа. Нека ги снема грешниците од земјата, и беззаконици да нема веќе! Благословувај Го, душо моја, Господа! Алилуја! Славете Го Господа; призивајте го Неговото име; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови. Славете Го и пејте Му; кажувајте ги сите Негови чудеса. Фалете се со Неговото свето име: нека се весели срцето на оние, кои Го бараат Господа. Барајте Го Господа и утврдувајте се, барајте го секогаш лицето Негово. Спомнувајте ги чудесата Негови, што ги направи, чудесата Негови и судовите од устата Негова, вие, семе Авраамово, слуги Негови, синови Јаковови, избраници Негови. Он е Господ, Бог наш; Неговите судови се по целата земја. Он вечно го помни заветот Свој, зборот што го заповедал во илјада родови, што му го ветил на Авраама, и заклетвата своја на Исака; и му го поставил тоа како закон на Јакова и како вечен завет на Израилот, велејќи: »Тебе ќе ти ја дадам Хананската земја во ваше наследство.« Тогаш тие беа уште малку на број, многу малку, и беа придојдени во неа, па преминуваа од народ во народ, од едно царство кон друг народ; никому не му дозволуваше Он да ги навредува и царевите за нив ги караше: »Не допирајте се до Моите помазани, на Моиоте пророци не правете им зло!« И пушти глад во таа земја и секој лебен клас го сотре. Испрати пред нив човек: како роб беше продаден Јосиф. Ги стегнаа во вериги нозете негови; железото ја измачувало душата негова, додека се исполни зборот Негов: зборот Господов го оправда. Царот прати по него, го одврзаа, кнезот над народите и го ослободи. Го постави за домаќин над домот свој и управител над сиот имот свој, за да ги поучува кнезовите според својата волја и старешните негови да ги учи на мудрост. Тогаш дојде Израилот во Египет, и Јаков се всели во Хамовата земја. Го умножи Бог многу Својот народ и го направи посилен од непријателите негови. Се преврти срцето нивно и тие го замразија народот Негов, и почнаа да им пакостат на слугите Негови. Го испрати Мојсеја, слугата Свој, и Арона, кого го избра. Ти ги покажаа меѓу нив зборовите на Неговите знаци и на чудесата Негови во Хамовата земја. Испрати темнина и се смрачи, и тие не се спротивставија на зборот Негов. Ја претвори водата нивна во крв и ја уништи рибата нивна. Се исполни земјата нивна со жаби, дури и собите на царот нивни. Он рече: и нападнаа песји муви и мушички по сите нивни предели. Наместо дожд, испрати врз нив град, оган што ја гореше земјата нивна, и ги уништи лозјата нивни и смоквите нивни, ги сотре сите дрвја во нивните предели. Рече и нападнаа скакулци игасеници безброј; и ја изедоа сета трева по земјата нивна, ги испојадоа сите плодови на нивите нивни. И го порази секое првородено во земјата нивна, првините од сиот нивни труд. Ги изведе Израилците со сребро и злато, и немаше болен во племињата нивни. Се зарадува Египет поради нивното излегување, бидејќи го беше обзел страв од нив. Им простре облак како покрив и оган, за да им свети ноќе. Бараа, и Он им прати потполошки и со леб небесен ги наситуваше. Расцепи камен и потекоа води, потекоа како река по безводната земја, зашто се сети на Својот свет збор кон Авраама, Својот слуга. па го изведе Својот народ со радост, Своите избрани – со веселба, и им даде незнабожечки земји, и така наследија плодови од други народи, за да ги чуваат наредбите Негови и да ги исполнуваат законите Негови. Алилуја! Славете Го Господа, зашто е благ, зашто Неговата милост е вечна. Кој ќе ја искаже силата на Господа, кој ќе ја извести сета похвала Негова? Блажени се оние што го чуваат законот и вршат правда во секое време. Сети се на нас, Господи, во благоволението Свое кон Твојот народ; посети нѐ со Твоето спасение, за да ги видиме во добрини Твоите избраници, за да се развеселат со веселбата на Твојот народ, за да се пофалат заедно со Твоето наследство. Згрешивме ние со татковците наши, правевме беззаконија, вршевме неправда. Нашите татковци во Египет не ги разбраа Твоите чудеса, не ги помнеа многуте милост Твои и се побунија кога се приближија до Црвеното Море. Но Он ги спаси заради името Свое, за да им ја покаже силата Своја. Му се закани на Црвеното Море, и тоа се исуши; и ги преведе по бездните како по пустиња; и ги спаси од рацете на оние што ги намразија и ги избави од рацете на непријателите. Водите ги покрија нивните непријатели; не остана ниеден од нив. И тие поверуваа на зборовите Негови и Му испеаја похвала. Но побрзаа, ги заборавија делата Негови, не го дочекаа Неговото решение; се занесоа од похотливоста во пустињата, па Го искушуваа Бога во безводната земја. Он го исполни нивното барање, он прати пораз за душите нивни. Му позавидоа на Мојсеја во логорот и на Арона, светецот Господов. Се отвори земјата, го голтна Датан и ја покри дружината Авиронова. И пламна оган врз нив, и пламенот ги изгори грешниците. Направија теле на Хорив и му се поклонија на идолот. Ја заменија својата славасо образ на теле, што јаде трева. Го заборавија Бога, својот Спасител, Кој изврши големи дела во Египет, чудесни во Хамовата земја, страшни при Црвеното Море. И рече дека ќе ги истреби, но Мојсеј, Неговиот избраник, се застапи за нив во пукнатината, за да ја отстрани јароста Негова, та да не ги погуби. Тие ја презреа саканата земја, не Му веруваа на зборот Негов; и роптаа во шаторите свои, не го слушаа гласот Господов. Он крена рака против нив, за да ги погуби во пустињата, да го расее нивното семе меѓу народите и да ги растури по земјите. Тие се придружија кон Ваал – Фегор и јадеа жртви, принесувани на бездушните, Го дразнеа Бога со делата свои, и на нив падна погибел. Но стана Финес и Го умилостиви и поморот престана. И тоа му се прими за правда од род во род довека. И Го разгневија Бога при водите на расправија, кај Мерива, и Мојсеј настрада заради нив, зашто тие го преогорчија духот негов, и тој згреши со устата своја. Не ги истребија народите, за кои им беше рекол Господ, туку се смешаа со незнабожците и свикнаа на нивните дела; им служеа за нивните идоли, а тоа беше соблазна за нив, и ги жртвуваа синовите свои и ќерките свои на бесовите; и приливаа невина крв, крвта на синовите свои и на ќерките свои, што им ги жртвуваа на ханаските идоли, за земјата се извалка од таа крв; се осквернија со делата свои, блудствуваа со постапките свои. Се разгоре гневот на Господа против Неговиот народ, и Му омрзна наследството Негово, па ги предаде во рацете на непријателите и завладеаја над нив оние што ги мразеа. Непријателите нивни ги притеснуваа, и тие се смируваа под нивната рака. Многупати ги избавуваше, но тие Го лутеа со упорноста своја, па беа понижувани поради своите беззаконија. Но Он погледна на нивната жалост, кога ги слушаше нивните молби, си спомна на Својот завет со нив, се сожали поради големата милост Своја; па разбуди сострадание спрема нив кај оние што ги беа заробиле. Спаси нѐ, Господи, Боже наш, и собери нѐ од незнабожците, за да го славиме Твоето свето име, да се фалиме со Твојата слава! Нека е благословен Господ, Бог Израилев, отсекогаш досекогаш! И сите луѓе нека велат: Амин! Амин! Алилуја. Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова! Така да велат избавените од Господа, оние што ги избавил од непријателска рака. И ги собра од земјите, од исток и од запад, од север и од морето. Тие скитаа по безводната пустиња и нигде пат ниту населен град не најдоа; трпеа глад и жед, душата им ослабна во нив, но во жалоста своја Го повикаа Господа, и Он ги избави од нивните неволји и го поведе по правиот пат, за да одат кон населен град. Нека Го слават Господа за милоста Негова и за чудесата Негови што им ги направи на синовите човечки: зашто Он ја насити гладната душа, и душата гладна ја исполни со блага. Тие седеа во темнина и смртна сенка, оковани со сиромаштија и железо; бидејќи не се покорија на зборовите Божји и се притивеа на волјата на Севишниот. Он го понизи нивното срце во мака, се сопнаа, и немаше кој да им помогне. Тогаш во тагата своја повикаа кон Господа, и Он ги спаси од маките нивни; ги изведе од темнината и смртната сенка и ги раскина оковите нивни, Нека го слават Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела кон синовите човечки, зашто Он ги здроби бакарните порти и ги скриши железните резиња. Неразумните страдаа поради своите лоши патишта и поради неправдите свои! Од секоја храна им се одвраќаше душата, и се приближија до вратата на смртта. Но во тагата своја повикаа кон Господа, и Он ги спаси од неволјите нивни; го испрати Своето слово, ги излекува и ги спаси од пропаст. Нека Го прославуват Господа за милоста Негова спрема синовите човечки! Нека Му принесуваат похвална жртва и нека ги разгласуваат делата Негови со радост. Оние што тргнуваат по море на кораби, што имаат работа по големите води – тие ги гледаат делата на Господа и чудесата Негови во длабочините. Он рече – и настана бурен ветер и високо ги издигна морските бранови; се издигаа до небесата, слегуваа до бездната; нивната присебност се губи во неволјата; тие се збунуваат, се нишаат како пијани, и сета нивна мудрост им исчезнува. Тогаш во скрбта своја повикаа кон Господа, и Он ги изведе од маките нивни. И ѝ заповеда на бурата и таа се претвори во тивок ветрец и брановите молкнаа. Тие се развеселија, зашто стивнаа, а Он ги упати кон нивното сакано пристаниште. Нека Го прославуваат Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела спрема синовите човечки! Нека Го возвеличуваат со собранието народно и нека Го слават во советите на старешините! Он создава реки во пустиња, и водни извори – на суви места, земја плодородна – во солница, поради злобата на оние што живеат во неа. Он претвори пустиња во езеро, а сува земја – во земја – со водни извори; таму насели гладни, а тие изградија град за живеење; засеаја ниви, насадија лози, и тие им даваат свои плодови. Он ги благословуваше, и тие многу се размножуваа, и добитокот нивни Он не им го намалуваше. Тие беа проредени и пострадаа од притисокот на злото и од неволјата. Он изли бесчестие над кнезовите и ги остави да скитаат по пустињата, каде што нема патишта. Но бедниот го извлекува од сиромаштија, го умножува родот негов како овчо стадо. Праведните го гледаат тоа и се радуваат, а секоја нечесност си ја затвора устата своја. Кој е мудар и го пази ова, ќе ја разбере милоста Господова. Подготвено е срцето мое, Боже, подготвено е срцето мое; ќе пеам и ќе воспевам во славата своја. Разбудете се, псалтиру и гусле! Ќе станам рано. Ќе Те славам, Господи, меѓу народите; ќе Те воспевам меѓу племињата, зашто повисока од небото е Твојата милост, и до облаците е Твојата вистина. Издигни се над небесата Боже, и славата Твоја нека биде по целата земја, за да се избават Твоите возљубени; спаси ме со Твојата десница и услиши ме. Бог рече во своето светилиште: »Ќе се вознесам и ќе го разделам Сихем и ќе ја измерам долината Сокхот; Мој е Галад, Мој е Манасија, Ефрем е застапник на главата Моја, Јуда е Мој цар; Моав Ми е чаша на Мојата надеж, врз Едом ќе ја испружам обувката Своја, другоплемениците Ми се покорија.« Кој ќе ме воведе во укрепениот град? Кој ќе ме доведе до Едом? Зар не си Ти, Боже, Кој нѐ отфрли и не излегуваш, Боже, со нашите војски? Дај ни помош да се избавиме од маката, зашто човечката заштита е суетна. Во Бога ќе имаме сила; Он ќе ги скрши непријателите наши. Боже, похвало моја, не премолчувај, зашто против мене се отворени грешни и лукави усти; зборуваат со лажлив јазик против мене; отсекаде ме опкружуваат со злобни зборови, и без причина се собираат против мене; место да ме сакаат, тие стануваат против мене, а јас се молев; ми враќаат зло за добро, омраза – за љубов. Постави над него грешник, и ѓаволот да застане десно од него. Кога ќе му се суди, нека биде осуден, и молитвата негова да се прими за грев; дните негови да бидат кратки, а неговото достоинство друг да го земе; децата негови да останат сираци, а жената му – вдовица; децата негови да скитаат и да стана просјаци, изгонети надвор од своите домови. заемодавецот да му земе сѐ што има, и туѓинци да го разграбааттрудот негов; нека нема кој да го заштити, да нема и кој да се смили над сираците негови; потомството негово да загине, и да се избрише името негово во следниот род; да биде спомнато пред Господа безаконието на татковците негови, и гревот на мајка му да не се очисти; тие секогаш да бидат пред очите на Господа, и да се избрише споменот нивни на земјата. Зашто не помислил да прави милостиња, туку ги гонеше бедните, сиромасите смирените по срце, за да ги уништи; засакал клетва, – па таа нека го постигне: не посакал благослов, – тој нека се оддалечи од него; нека се облече во клетва како во облека; и таа нека влезе во него како вода, и како елеј – во неговите коски; та да му биде како облека, во која се облекува, и како појас, со кој секогаш се опашува. Таква нека биде отплатата од Господа на оние што ме мразат и на оние што лошо зборуваат против душата моја. А мене, Господи, Господи, заштити ме заради Твоето име, зашто е блага милоста Твоја; избави ме, оти сум беден и сиромав, и срцето мое во мене е збунето. Исчезнував како сенка што се оддалечува; ме гонат како скакулец. Колената ми изнемоштија од пост, а телото мое поради недостиг од масло. Им станав за потсмев; оние што ме гледаат, нишаат со главите свои. Помогни ми, Господи, Боже мој, спаси ме поради Твојатао милост. и да разберат дека е тоа Твојата рака и дека, Ти, Господи, си го направил тоа. Тие проколнуваат, а Ти, пак, благослови; и оние што стануваат против мене нека бидат посрамени, а Твојот слуга да се зарадува. Нека се облечат во бесчестие противниците мои и како со облека да се покријат со својот срам, и јас со устата моја многу ќе го славам Господа и меѓу мнозина ќе Го прославувам, зашто застана од мојата десна страна. За да ја спаси мојата душа од оние што ме гонат. Му рече Господ на мојот Господ: »Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои. Жезалот на Твојата сила ќе ти го прати Господ од Сион: владеј меѓу непријателите Свои. Со Тебе започнува Твојата сила; во светлината на светиите Твои; Те родив уште пред да постои ѕвездата Деница. Се заколна Господ и нема да се покае: Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков.« Господ Кој е од Твојата десна страна, во денот на гневот Свој, Он ќе ги порази царевите; ќе изврши суд над народите, ќе ја исполни земјата со трупови, ќе ги скрши главите на многумина на земјата. Од потокот на патот ќе пие, и затоа високо ќе ја крене главата. Ќе Те славам, Господи, од сѐ срце во советот на праведните и во собранието. Големи се делата на Господа, кои се создадени по Неговата волја. Неговото дело е слава и великолепие, а правдата Негова вечно ќе постои. Незаборавни ги направи чудесата Свои, милостив и штедар е Господ. Им дава храна на оние, кои се бојат од Него; вечно го помни заветот Свој. Силата на делата свои му ја покажа на Својот народ, за да му ги даде незнабожците во наследство. Делата на рацете Негови се вистина и суд; и верни се сите заповеди Негови, утврдени засекогаш, засновани врз вистина и правда. Он му испрати избавување на Својот народ; засекогаш го установи Својот завет. Свето е и страшно името Негово. Почеток на мудроста е стравот од Господа; здрав разум имаат сите, кои според неа постапуваат. Похвалата Негова пребива вечно. Блажен е оној човек, кој се бои од Господа и кому му се мили Неговите заповеди. Неговото потомство ќе биде силно на земјата; родот на праведните ќе биде благословен. Слава и богатство ќе има во неговиот дом; и правдата негова ќе преуспева вечно. На праведните во темнина им изгрева светлина од Добриот и Милостивиот. Добриот човек е дарежлив и на заем дава; во судот тој уверливо ќе ги потврди зборовите свои; и никогаш нема да се разниша; праведниот останува во вечен спомен. Од лоши гласови нема да се уплаши; срцето му е спремно, зашто се надева во Господа. Срцето му е цврсто: тој нема да се уплаши, кога – годе ќе погледне во напријателите свои. Тој растура, дава на сиромаси; правдата негова останува вечно; неговиот рог ќе се возвиши во слава. Грешниот, кога ќе го види тоа, ќе се јадосува, ќе крцка со забите свои и ќе се топи. Желбата на грешникот пропаѓа. Фалете Го, слуги Господови, фалете го името на Господа. Нека е благословено името Господово отсекогаш и засекогаш. Од исток до запад нека се прославува името на Господа. Возвишен е над сите народи Господ; Неговата слава е над небесата. Кој е како Господ, нашиот Бог, Кој живее во висините, и Кој со смиреност гледа на небото и на земјата; Кој од прав го издига сиромавиот и од калта го вади бедниот, за да го постави со кнезовите, со кнезовите на народот негов. Кој неплодната ја вселува в куќи како мајка, што се радува меѓу многуте деца. Кога Израилот излезе од Египет, домот Јаковов – од туѓ народ, Јудеја стана Божјо светилиште, Израилот област Негова. Морето виде и избега; Јордан се врати назад. Горите се разиграа како овни, и ритчињата – како јаганца. Што ти стана тебе море, па бегаш, и тебе, Јордане, па назад се враќаш? Зашто се разигравте, гори, како овни, и вие, ритчиња, како јаганца? Трепери земјата пред лицето на Господа, пред лицето на Бога Јаковов, Кој камен претвора во водно езеро и карпа – во воден извор. Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај му слава, заради Твојата милост, заради Твојата вистина, да не речат незнабожците: »Па каде е нивниот Бог?« Нашиот Бог е горе на небото; на небесата и на земјата врши сѐ, што сака. А идолите на незнабожците се сребро и злато, дело на човечки раце: уста имаат а не зборуваат, очи имаат но не гледаат; имаат уши, но не слушаат; имаат ноздри, но не мирисаат; раце имаат, но не пипаат; нозе имаат, но не одат; тие не пуштаат глас од грлото свое. Слични на нив нека бидат оние што ги прават, такви и оние што се надеваат на нив. Доме Израилев, надевај се на Господа; Он е наш помошник и заштитник. Доме Аронов, надевај се на Господа; Он е наш помошник и заштитник. Оние кои се бојат од Господа, се надеваат на Господа; он е нивни помошник и заштитник. Господ се сеќава на нас и нѐ благословил, го благословил домот Израилев, го благословил домот Аронов, ги благословил оние, кои се бојат од Господа, мали и големи. Нека ви придаде Господ вам повеќе, вам и на вашите деца. Благословени да сте од Господа, Кој го создаде небото и земјата. Небото е Господово небо, а земјата Он им ја даде на синовите човечки. Не мртвите ќе Те слават, Господи, ниту оние, што слегуваат во ад, туку ние живите ќе го благословуваме Господа отсега и засекогаш. Се радувам, дека Господ ќе го услиши гласот на моето молење, зашто го приклони кон мене Своето уво, и затоа ќе Го призивам преку сите мои дни. Смртни болки ме обзедоа, пеколни маки ме стигнаа; се најдов во неволја и мака. Тогаш го повикав името Господово: О, Господи, избави ја душата моја! Милостив е Господ и праведен, и милосрден е нашиот Бог. Господ ги пази слабите: бев во мака и Он ми помогна. Врати се, душо моја, во својот мир, зашто Господ добро ти прави, бидејќи душата моја ја истргна од смрт, очите мои – од солзи, и нозете мои – од сопнување. Ќе одам со благодарност пред лицето на Господа во земјата на живите. Поверував и затоа реков: во голема мака сум. Во мојата необмисленост си реков: секој човек е лажливец. Што да му дадам на Господа за сите негови добрини што ми ги направи мене? Ќе земам чаша на спасение и името на Господа ќе го призовам. Заветите ќе Му ги упатам на Господа пред целиот Негов народ. Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите светии. О, Господи, јас сум слуга Твој, јас сум слуга Твој и син на Твојата слугинка. Ти ги скрши моите окови. Тебе ќе ти принесам благодарствена жртва; ќе ги исполнам заветите мои на Господа пред сиот Негов народ. Во предворјето на домот Господов, посреде тебе, Ерусалиме! Фалете Го Господа, сите народи, прославувајте Го, сите луѓе, зашто се зацврсти Неговата голема милост на нас, и вистината Господова пребива вечно. Славете го Господа, зашто Он е добар, зашто милоста Негова е вечна. Нека каже сега домот Израилев дека е Он добар, дека милоста Негова е вечна. Нека рече сега домот Аронов: дека е Он добар, дека милоста Негова е вечна. Нека кажат сега сите, кои се бојат од Господа: дека е Он добар, дека милоста Негова е вечна. Кога бев на мака, Го призвав Господа и ме услиши и на ширина ме изведе. Господ е мој помошник, нема да се уплашам: што може да направи човек? Господ ми е помошник: и јас слободно ќе гледам на непријателите мои. Подобро е да се надевам на Господа, отколку да се надевам на човек. Подобро е да се надеваме на Господа, отколку да се надеваме на кнезовите. Сите народи ме опколија, но со името Господово јас ги разбив; ме опседнаа, меобиколија, но со името Господово јас ги победив. Ме опкружија како пчели околу сотка, па се запалија како оган во трње: со името Господово јас им се противставив. Ме турнаа силно, за да паднам, но Господ ме прифати. Господ е крепост моја и песна; Он стана мое спасение. Глас на радост и на спасение се слуша во домовите на праведните; десницата на Господа дава сила! Десницата Господова ме возвишува, десницата Господова дава сила. Нема да умрам, но ќе живеам и ќе ги разгласувам делата Господови. Господ строго ме казни, но на смрт не ме предаде. Отворете ми ја вратата на правдата: ќе влезам во неа, ќе го прославувам Господа. Ете, тоа е вратата Господова, праведните влегуваат низ неа; ќе Те славам, зашто ме услиши и стана спасение мое. Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот. тоа е од Господа, и е прекрасно во очите наши. Овој ден е што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него. О, Господи, спаси! О, Господ, побрзај! Нека е благословен оној, кој оди во името на Господа! Ве благословуваме од домот Господов. Бог е Господ и ни се јави; образувајте празнична придружба до роговите на жртвеникот. Бог мој си Ти и Тебе ќе те славам; Бог мојси Ти и Тебе ќе те превознесувам. Ќе те прославувам, зашто Ти ме услиши и стана мое спасение. Славете го Господа, зашто Он е добар, зашто милоста му е вечна. Блажени се непорочните во патот нивни, зашто одат според законот Господов. Блажени се оние кои ги пазат сведоштвата Негови и од си срце Го бараат. Оние кои не вршат беззаконие, тие одат по Неговите патишта. Ти заповеда да се пазат Твоите заповеди. О, да се беа управиле моите патишта за да ги чувам Твоите заповеди! Тогаш немаше да се засрамам, гледајќи ги сите Твоие заповеди. Ќе Те славам Господи со чисто срце, кога ќе ги научам Твоите праведни судови. Ќе ги пазам Твоите заповеди; не оставај ме сосема. Како младичот ќе го запази во чистота патот свој? – Ако ги пази зборовите Твои. Со сето срце мое Те побарав, не отстранувај ме од Твоите заповеди. Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред Тебе. Благословен си Ти, Господи! Научи ме на Твоите наредби. Со устата своја ги разгласив сите судови од устата Твоја. По патот на Твоите сведоштва се насладувам како во секое богатство. Ќе размислам за Твоите заповеди и ќе го разберам патот Твој. Од наредбите Твои ќе се поучувам, нема да ги заборавам Твоите зброви. Покажи милост кон Твојот слуга, и ќе живеам и ќе ги пазам Твоите зборови. Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон. Придојден сум на земјава, не сокривај ги од мене Твоите заповеди. И копнее душата моја во секое време да ги сака Твоите судови. Им се закани на горделивите; проклети да се оние, кои се отклонуваат од Твоите заповеди. Отстрани го од мене прекорот и презирот, зашто ги засакав Твоите сведоштва. Кнезовите седат и ме клеветаат, а Твојот слуга размислува за Твоите наредби. Сведоштвата, пак, Твои се поука моја, а наредбите Твои – советници. Душата моја лежи во прав: оживи ме според зборот Твој. Патиштата мои ги кажав, и Ти ме чу; научи ме на Твоите наредби. Вразуми ме да го разберам патот на Твоите наредби и јас ќе размислувам за Твоите чудеса. Душата моја засолзи од тага, зацврсти ме со зборовите Твои. Отстрани го од мене патот на неправдата и помилуј ме со законот Твој. Го избрав патот на вистината, и не ги заборавив Твоите судови. Се приврзав за сведоштвата Твои, Господи: не ме посрамувај. Ќе побрзам по патот на Твоите заповеди, кога ќе го рашириш срцето мое. Покажи ми го, Господи, патот на Твоите наредби и ќе се придржувам за нив до крај. Вразуми ме, и ќе се држам за законот Твој и ќе го пазам со сето срце свое. Постави ме на патеката на Твоите заповеди, зашто многу ја засакав. Приклони го срцето мое кон Твоите сведоштва, а не кон лакомства. Сврти ги очите мои за да не гледам суета: оживи ме на Својот пат. Во слугата Свој внеси збор Свој за да се бои од Тебе. Отстрани го од мене прекорот, од кој се плашам, зашто Твоите судови се благи. Ете, ги засакав Твоите заповеди: Оживи ме според Својата правда. И нека милоста Твоја, Господи, пријде на мене, и спасение од Тебе според зборовите Твои, – и јас ќе им одговорам на оние што ме навредуваат, зашто се надевам на зборовите Твои. Не одземај го сосема од устата моја словото на вистината, зашто јас се надевам на Твоите судови. И ќе го чувам Твојот закон засекогаш и во веки веков. Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите заповеди. И ќе зборувам за сведоштвата Твои пред царевите, и нема да се посрамам; и ќе се поучувам на Твоите заповеди, кои многу ги засакав; ќе ги протегнам рацете свои кон Твоите заповеди, кои ги возљубив, и ќе размислувам за Твоите наредби. Внуши слово кон Твојот слуга, со кое си му дал надеж. Таа ме утешува во неволјата моја, оти Твоето слово ме оживува. Горделивите го престапија законот многу, но јас не се отстранив од Твоите закони. Се сетив за Твоите вечни судови, Господи, и се утешував. Тага ме обзема од грешниците што го напуштаат Твојот закон. Наредбите Твоими беа песна кога патувам во некое место. Ноќе го споменувам името Твое, Господи, и го пазам законот Твој. Он стана мој, зашто ги пазам Твоите заповеди. Дел мој си Ти, Господи, – си реков – ќе го пазам законот Твој. Му се помолив на лицето Твое од сѐ срце: помилуј ме, според словото Твое. Размислувам за Твоите патишта и ги свртувам нозете мои кон Твоите сведоштва. Се подготвив и не се збунив да ги запазам Твоите заповеди. Замки од грешници ме опкружија, но јас не го заборавив Твојот закон. На полноќ станував да те величам поради Твоите праведни судови. Јас сум меѓу оние, што се бојат од Тебе и кои ги пазат Твоте наредби. Со Твојата милост, Господи, земјата е полна; научи ме на Твоите наредби. Добрини си му направил, Господи, на Твојот слуга според Твоето слово. Научи ме на добро и на разумно, зашто верувам на Твоите наредби. Пред моето страдање јас прегрешив; а сега го пазам Твојот збор. Ти си добар, Господи, и поради добрината Твоја научи ме на Твоите наредби. Се зголеми неправдата од гордите врз мене, но јас од сѐ срце ќе ги пазам Твоите заповеди. Се засири срцето мое како млеко; но јас се утешувам со Твојот закон. Добро ми е што ме смири, за да се научам на Твоите наредби. Законот на Твојата уста за мене е подобар отколку илјадници злато и сребро. Твоите раце месоздадоа и изградија: вразуми ме, и ќе се научам на Твоите заповеди. Оние, кои се бојат од Тебе, кога ќе ме видат ќе се зарадуваат, затоа што се надевав на Твоите зборови. Знам, Господи, дека Твоите судиви се праведни, и според справедливоста Твоја Ти ме казни. Па нека ми биде милоста Твоја утеха, според Твоето слово кон Твојот слуга. Нека пријде на мене Твојата штедрост, и јас ќе живеам, зашто законот Твој е утеха моја. Нека се посрамат горделивите, зашто неправедно и без вина ме обвинуваат. Нека се обрнат кон мене, они што се плашат од Тебе и кои ги знаат Твоите сведоштва. Нека биде срцето моенепорочно во Твоите наредби, та да не се посрамам. Копнее душата моја за Твоето спасение; јас се надевав на Твоите зборови. Очите мои попуштија од желба за Твоето слово велејќи: кога ќе ме утешиш? Заштостанав како мев на мраз, но Твоите наредби не ги заборавив. Колку се дните на Твојот слуга? Кога ќе извршиш суд над моите гонители? Законопрестапниците се подигруваат со мене спротивно на Твојот закон. Сите Твои заповеди се вистина. Неправедно ме гонат: помогни ми! За малку ќе ме убиеја на земјата, нојас не ги оставив Твоите заповеди. Според Твојата милост оживи ме, и јас ќе ги пазам сведоштвата од Твојата уста. Твоето слово, Господи, е засекогаш утврдено на небото; Твојата вистина е од род во род. Ти си ја поставил земјата, и таа стои. Според Твоја волја постои денот. Сѐ што постои, Тебе ти служи. Да не беше Твојот закон утеха за мене, јас ќе загинев во неволјата своја. Никогаш нема да ги заборавам Твоите наредби, зашто преку нив ме оживуваш. Твој сум јас, спаси ме, зашто ги барав Твоите наредби. Грешниците настојуваа да ме убијат, но јас ги разбрав сведоштвата Твои. Го видов крајот на секое совршенство, но Твоите заповеди се безгранични. Колку го засакав, Господи, Твојот закон; секој ден се поучувам од него. Со Својата заповед Ти ме направи помудар од непријателите мои, зашто таа е секогаш со мене. Станав поразумен од сите учители мои, зашто сведоштвата Твои се моја поука. Поумен станав од старците, зашто ги сакам Твоите заповеди. Ги задржувам нозете свои од секаков лош пат, за да го пазам словото Твое. Од твоите судови нема да се откажам, зашто Ти ме учиш. Колку се слатки за грлото мое зборовите Твои, послатки се од мед во устата моја. Преку твоите заповеди станав разумен; затоа го замразив секој пат на неправда. Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја. Се заколнав и реков да ги пазам Твоите праведни судови, и ќе ги исполнувам. Многу сум нажален, оживи ме, Господи, поради Твоето слово. Затоа, благослови, Господи, да примиш доброволна жртва од мојата уста, и научи ме на Твоите судови. Душата ми е постојано во Твојата рака, но Твојот закон не го заборавив. Грешниците ми поставија замка, но јас не се отстранив од Твоите заповеди. Твоите сведоштва ги примив како вечно наследство, зашто тие се голема радост за срцето мое. Го натерав срцето свое да ги извршува наредбите Твои како вечно оправдание. Престапниците на законот ги замразив, но Твојот закон го сакам. Ти си мој помошник и мој заштитник: на Твојата слава се надевам. Иставете се од мене беззаконици, за да ги испитам заповедите на мојот Бог. Застапи се според Твоето слово, и јас ќе живеам; не посрамувај ме во надежта моја; помогни ми, и ќе се спасам: и во Твоите наредби постојано ќе се учам. Ти ги презираш оние, кои отстапуваат од Твоите наредби, зашто нивните мисли се неправедни. Сите грешници земни ги сметам како престапници, затоа засекогаш ги засакав Твоитесведоштва. Од страв пред Тебе трепери телото мое, и од Твоите судови се плашам. Јас вршев суд и правда; не предавај ме на оние што ми чинат неправда. Прими го Твојот слуга за негово добро, та да не ме клеветат горделивите. Очите ми копнеат, очекувајќи го спасението од Тебе, и словото на Твојата правда. Постапи со Твојот слуга според милоста Своја и научи ме на Твоите наредби. Слуга Твој сум јас: вразуми ме и ќе ги познаам сведоштвата Твои. Време е, Господи, да се дејствува: Твојот закон го разурнаа. Затоа ги засакав заповедите Твои и од топаз и од злато повеќе. Затоа се управував според сите Твои заповеди и патот на неправдата го замразив. Прекрасни се Твоите сведоштва: затоа душата моја ги испитуваше. Објавувањето на Твоите зборови ги просветува и вразумува младите. Ја отвори устата моја и воздивнав, зашто жеден сум за Твоите заповеди. Погледај кон мене и помилуј ме, како што се постапува со оние, кои го сакаат Твоето име. Утврди ги стапките мои според Твоето слово и не допушти со мене да овладее никакво беззаконие. Избави ме од човечко клеветење и ќе ги пазам Твоите заповеди, озари го Твојот слуга со светлината на лицето Твое, и научи ме на Твоите заповеди. Од очите мои потоци извори солзи, зашто не го запазив Твојот закон. Праведен си Ти, Господи, и праведни се Твоите пресуди. Твоите сведоштва, што си ги дал, се засновани на правда и вечна вистина. Ревноста моја ме јаде, зашто непријателите мои ги заборавија Твоите слова. Твоето слово е многу чисто, и Твојот слуга го сака. Мал сум и презрен, но Твоите наредби не ги заборавив. Твојата правда е вечна правда, и Твојот закон е вистина. Скрб и мака ме обзедоа; Твоите заповеди се моја поука. Правдата на Твоите сведоштва е вечна; вразуми ме, и ќе живеам. Те призивам со сето срце мое, услиши ме, Господи, – и ќе ги пазам наредбите Твои. Тебе Те повикувам: спаси ме, па ќе ги пазам Твоите слова. Ја испреварувам зората и викам: на Твоето слово се надевам. Очите мои се отворија пред утринската стража, за да се поучам на Твоите слова. Чуј го мојот глас, според милоста Своја, Господи; според Твојот суд оживи ме. Се приближија оние, што сакаат беззаконие; од законот Твој тие се оддалечија. Близок си Ти, Господи, и сите Твои заповеди се вистина. Одамна знам за твоите сведоштва, кои си ги утврдил засекогаш. Погледај на мојата потиштеност и избави ме, зашто не го заборавив Твојот закон. Пресуди според мојата правда и заштити ме; заради словото Твое оживи ме. Далеку е спасението од грешниците, зашто тие не ги побараа Твоите наредби. Голема е Твојата милост, Господи, според Твојот суд оживи ме. Многумина ме гонеа и мачеа, но од Твоите сведоштва јас не отстапив. Видов неразумни и тешко ми беше, зашто словата Твои не ги запазија. Гледаш како ги засакав заповедите Твои, оживи ме, Господи, поради Твојата милост. Вистината е основа на Твоите слова; и вечен е секој суд на Твојата праведност. Кнезовите ме гонеа без вина, но срцето мое се уплаши само од Твоите зборови. Се радувам на Твоето слово, како оној кој нашол големо благо. Ја замразив неправдата и се гнасам од неа; а Твојот закон го засакав. Седумпати на ден Те прославувам за судовите на Твојата правда. Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот закон, и за нив нема соблазна. Го чекав спасението од Тебе, Господи, и Твоите заповеди ги засакав. Душата моја ги пази Твоите сведоштва, и јас многу ги засакав. Ги пазам Твоите заповеди и Твоите сведоштва, зашто сите мои патишта се пред Тебе, Господи. Нека се приближи пред Тебе молбата моја, Господи; вразуми ме според Твоите зборови. Нека барањето мое дојде пред Тебе; избави ме според Твоето слово. Од устата моја нека се произнесе похвала, кога ќе ме научиш на Твоите наредби. Јазикот мој нека ги разгласи Твоите зборови, зашто сите Твои заповеди се праведни. Нека ми биде Твојата рака на спасение, зашто Твоите заповеди ги избрав. Копнеев, Господи, за спасение од Тебе и Твојот закон е мојата поука. Ќе живее душата моја и ќе Те слави; и Твоите судови нека ми помогнат. Се заблудив како загубена овца: побарај го Твојот слуга, зашто не ги заборавив Твоите заповеди. Кон Господа повикав во маката своја, и Он ме услиши. Господи, избави ја душата моја од неправедна уста и од јазик лукав. Што ќе Ти даде Тебе и што ќе Ти придаде лукавиот јазик? Изострени стрели на силник, разгорени со пустински јаглен. Тешко мене, бидејќи привремениот престој ми се продолжи, се вселив во шаторите кидарски. Долго живееше душата моја со оние што го мразат мирот. Јас бев мирољубив: но кога им зборував, тие војуваа против мене без причина. Ги кренав очите кон горите; од каде помош ќе ми пристигне? Мојата помош е од Господа, Кој ги создаде небото и земјата. Он нема да дозволи да се помести ногата твоја; нема да задреме Оној, Кој те пази; не дреме и не спие Оној, Кој го пази Израилот. Господ е Твој чувар; Господ е твоја закрила од кај твојата десна рака. Сонцето дење нема да те гори, ниту месечината ноќе ќе ти штети. Гопсод ќе те запази од секакво зло и ќе ја чува душата твоја. Господ ќе го пази излегувањето твое и влегувањето твое отсега и довека. Се зарадував кога ми рекоа: »Ќе одиме во домот Господов.« Ете, нозете наши стоеја во твоите дворови, Ерусалиме, – Ерусалим, кој е изграден како град, излиен во една целина, Таму се искачуваа племињата, Господовите племиња, сведоштвото Израилево, за да се исповеда името Господово. Зашто таму се поставија престолите судиски, престолите на домот Давидов. Барајте мир за Ерусалим и нека им биде добро на оние, кои те сакаат! Нека има мир околу ѕидовите твои и изобилие во кулите твои. Поради браќата мои и блиските мои зборував за мир во тебе! Заради домот на Господа, нашиот Бог, ти пожелувам добро. Ги кревам очите мои кон Тебе, Кој живееш на небесата. Ете, како што се очите на слугите свртени кон рацете на господарите нивни, како очите на слугинката – кон раката на господарката нејзина, така и нашите очи гледаат кон Господа, нашиот Бог, сѐ додека не се смилува. Смилуј сена нас, Господи, смилуј се, зашто многу сме понизени со презир; зашто се преполни душата наша од навреди на силните и од понижување на горделивите. Да не беше Господ со нас, – нека каже Израилот, – да не беше Господ со нас, кога луѓето се кренаа против нас, – живи ќе нѐ проголтаа, кога пламна нивната јарост против нас; вода ќе нѐ потопеше, поток ќе го однесеше животот наш; бурна вода ќе ја однесеше нашата душа. Нека е благословен Господ, Кој не нѐ прададе во плен на нивните заби. Душата наша се избави како птица од примка на ловци: примката се скина, а ние се избавивме. Помошта наша е во името на Господа, Кој ги создаде небото и земјата. Кои се надеваат во Господа, тие се како гората Сион; кој живее во Ерусалим, нема да се поколеба, ќе живее вечно. Околу Ерусалим има гори, а Господ е околу својот народ отсега и засекогаш. Зашто Господ нема да го остави жезлото на грешниците врз земјата на праведните, за да не ги посегаат праведниците рацете свои кон беззаконие. Гопсоди, направи им добро на добрите и на оние со чисто срце. А оние што свртуваат кон крив пат, нив Господ ќе ги одведе со оние што вршат беззаконие. Мир на Израилот! Кога Господ ги врати сионските заробеници, ние бевме како утешени; тогаш устата ни се исполни со радост, и јазикот наш – со весела песна; тогаш меѓу незнабожците се говореше: »Големи дела изврши Господ над нив!« Големи дела изврши Господ на нас: ние серазвеселивме. Врати ги, Господи нашите заробеници како потоците на Негев. Оние што сеат со солзи, ќе жнеат со голема радост. Одеа и плачеа оние што носеа свое семе; но со радост ќе се вратат, носејќи ги своитеснопја. Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини; ако Господ не го запази градот, залудо ќе бдее стражата. Залудно вие станувате рано, доцна легнувате вие што го јадете лебот уморни; на оние кои Он ги сака ним им дава сон. Ете, наследството Господово се синовите, дар од Него е породот. Она што се стрелите во раката на силниот, тоа се младите синови. Блажен е оној човек, кому му е исполнет тегарчикот со нив! Тие нема да се засрамат, кога ќе зборуваат со непријателите свои пред портите. Блажени се оние, кои се бојат од Господа, кои одат по Неговите патишта! Ти ќе јадеш од плодовите на рацете свои: блазе тебе и добро ќе живееш. Жената во домот твој ќе биде како лоза плодовита, синовите твои – како новонасадени маслини околу трпезата твоја. Ете, така ќе биде благословен оној човек кој се бои од Господа. Господ ќе ги благослови од Сион; и ти ќе ги гледаш добрата ерусалимски во сите дни на твојот живот; и ќе ги видиш синовите на синовите твои. Мир нека е на Израилот! Многумина се бореа против мене уште од младоста моја – нека каже Израилот; многупати војуваа против мене од младоста моја, но не ме совладаа. На плешките мои грешниците дејствуваа, продолжувајќи со своето беззаконие. Но Господ праведен ги расече јажињата на грешниците. Нека се засрамат и нека свртат назад сите, кои го мразат Сион! Нека бидат како тревата на покрив, која се исушува пред да биде истргната, со која жетварот нема да ја исполни раката своја, ни прегратката своја оној што ја врзува во снопови. А минувачите не рекоа: »Благословение Господово на вас; ве благословуваме во името на Господа!« Од дното на душата повикав кон Тебе, Господи. Господи, чујго гласот мој. Ушите Твои нека го чујат гласот на молењето мое, – Господи, ако гледаш на беззаконијата, – тогаш кој ќе се одржи, Господи? Но во Тебе има простување. Заради името Твое, Господи, чекав долго на Тебе, чекаше душата моја на Твојот збор; душата моја се надеваше на Господа: Од утрената стража па до ноќта, од утрената стража нека се надева Израилот на Господа. Зашто милоста е во Господа и голем е откупот во Него. И Он ќе го избави Израилот од сите негови беззаконија. Господи, срцето мое не се вознесуваше, ниту очите мои се креваа високо; не копнеев по големи работи ниту по она што е над моите сили. Но се смирував во мислите свои и ја воздигав душата моја како дете кон мајката своја; така возврати ѝ на душата моја. Нека се надева Израилот на Господа отсега и довека. Сети се, Господи, на Давида и на сета негова смиреност, како што се заколна пред Господа, и Му вети на Јакововиот Бог: »Нема да влезам под шаторот на домот свој, и нема да легнам на леглото мое; нема да им дадам сон на очите мои, ни дремка на веѓите мои, ниту одмор на слепоочниците мои, додека не најдам место за Господа, дом за Јакововиот Бог.« Ете, ние чувме дека е во Ефрат, го најдовме во дубравите; да влеземе во неговиот дом, да се поклониме пред местата каде што стојат нозете негови. Стани, Господи, дојди во местото каде што е Твојата почивка, Ти и светиот ковчег Твој. Твоите свештеници нека се облечат во правда; Твоите светии нека се зарадуваат. Поради Давида, Твојот слуга, не одвраќај го лицето Свое од Твојот помазаник. Му се заколна Господ на Давида во вистината, и од неа нема да се откаже: »Од плодот на твојата утроба ќе поставам на престолот твој. Ако твоите синови го пазат Мојот завет и моите сведоштва, на кои ќе ги научам, тогаш и синовите нивни ќе седат на твојот престол.« Затоа Господ го избра Сион, Му омиле да живее во него. »Тоа е моето одмориште засекогаш: тука ќе се населам, бидејќи многу го засакав. Ќе го благословувам и преблагословувам трудот негов сиромасите негови со леб ќе ги наситувам; свештениците негови ќе ги облечам во спасение, и светиите негови радосно ќе воскликнуваат. Таму ќе кренам рог за Давида, му подготвив светилник на Мојот помазаник. Непријателите негови ќе ги облечам во срам, а на него ќе процути светоста Моја.« Колку е убави и колку е мило кога браќата живеат заедно! Тоа е како миро врз главата што се лее по брадата, брадата Аронова, што се лее по полите од одеждата негова; како роса ермонска, која паѓа на горите Сионски, зашто Господ дал благослов и живот вечен. Благословувајте Го сега Господа, сите слуги Господови, што стоите ноќе во домот Господов, во дворовите од домот на нашиот Бог. Кренете ги рацете ваши ноќе кон светилиштето и благословувајте Го Господа! Нека те благослови Господ од Сион, Создателот на небото и земјата. Фалете го името Господово, фалете го, слуги Господови, вие кои стоите во домот Господов, во дворовите од домот на нашиот Бог. Фалете Го Господа, зашто Господ е добар; пејте му на името Негово, зашто тоа е мило; зашто Господ го избра Јакова, Израилот, за свое наследство. Бидејќи познав, дека Господ е велик, и дека нашиот Господ е над сите богови: си што посака Господ, создаде на небото и на земјата, во морињата и во сите бездни. доведувајќи облаци од краиштата на земјата, молњи при дожд создаде, Он, Кој ги изведува ветровите од скровиштата нивни, Оној, Кој ги порази првородените во Египет од човек до добиток, покажа знаци и чудеса среде тебе, Египте, на Фараонот и врз сите слуги негови, порази многу народи и истреби силни цареви: Сион, царот аморејски, и Ог, царот васански, и сите цареви ханански; и му ја даде нивната земја во наследство на Својот народ, Израилот. Господи, името Твое е вечно; Господи, споменот за Тебе е од род во род. Зашто Господ ќе му суди на Својот народ и ќе биде милостив над слугите Свои. Идолите на незнабожците се сребро и злато, дело на раце човечки; имаат уста, но не говорат; имаат очи, но не гледаат; имаат уши, но не слушаат, ниту, пак, во устата нивна има здив. Слични на нив нека бидат и оние, кои ги прават, и секој кој на нив се надева. Доме Израилев, благословувај Го Господа. Доме Аронов, благословувај Го Господа! Доме Левиев, благословувај Го Господа! И вие, кои се боите од Господа, благословувајте Го Господа! Нека е благословен Господ од Сион, Кој живее во Ерусалим! Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова. Славете Го Бога на боговите, зашто е вечна милоста Негова. Славете Го Господа над господарите, зашто е вечна милоста Негова, Единиот Кој прави големи чудеса, заштое вечна милоста Негова; Кој премудро го создаде небото, зашто е вечна милоста Негова; Кој ја утврди земјата врз водите, зашто е вечна милоста Негова; Единиот Кој ги создаде големите светила, зашто е вечна милоста негова; сонцето – да управува со денот, зашто е вечна милоста Негова; месечината и ѕвездите – да управуваат со ноќта, зашто е вечна милоста Негова. Кој го порази Египет и провородените негови, зашто е вечна милоста Негова; Кој го изведе Израилот од средината нивна, зашто е вечна милоста Негова; со цврста рака и подигната мишка, зашто е вечна милоста Негова; Кој го раздвои Црвеното Море, зашто е вечна милоста Негова; и го преведе Израилот среде него, зашто е вечна милоста Негова; а Фараонот и војската негова ги фрли во Црвеното Море, зашто е вечна милоста Негова. Кој го преведе својот народ преку пустињата, зашто е вечна милоста Негова; Кој пушти вода од шилчеста крапа, зашто е вечна милоста Негова; Кој ги порази големите цареви, зашто е вечна милоста Негова; и ги погуби силните цареви, зашто е вечна милоста Негова; Сион, царот аморејски, зашто е вечна милоста Негова; и Ог, царот васански, зашто е вечна милоста Негова; и му ја даде земјата во наследство, зашто е вечна милоста Негова. во наследство на Својот слуга, Израилот, зашто е вечна милоста Негова; Кој се сеќава на нас во нашата смиреност, зашто е вечна милоста Негова; и нѐ избавува од непријателите наши, зашто е вечна милоста Негова; и Кој дава храна на секое тело, зашто е вечна милоста Негова. Славете Го небесниот Бог, зашто е вечна милоста Негова. Хвалете Го Господарот на господарите, зашто е вечна милоста Негова. Крај реките вавилонски – таму седевме и плачевме, кога ќе се сетевме на Сион; на врбите, среде Вавилон, ги закачивме нашите харфи. Зашто таму, оние што нѐ заробија и кои нѐ одведоа, побараа од нас радосна песна, велејќи ни: »Пејте ни од песните сионски!« Како да запееме Господова песна на туѓа земја? Ако Те заборавам тебе, Ерусалиме, – нека ме заборави мојата десница, нека се залепи јазикот мој за непцето мое, ако не те помнам, ако не го поставам Ерусалим над секоја моја радост. Сети се, Господи, на синовите Едомови, во денот на Ерусалим, кога тие говореа: »Разрушете, разрушете го до темелите негови!« Ќерко вавилонска, опустошителко, блажен е оној, што ќе ти врати за делото што ни го направи! Блажен е оној што ќе ги заграби и ќе ги разбие од камен децата твои. Ќе Те славам Тебе, Господи, со сето срце свои и ќе Ти пеам пред ангелите Твои, затоа што ги услиша сите зборови на устата моја. Се поклонувам пред светиот Твој храм и го славам името Твое за милоста Твоја и за вистината Твоја, зашто го возвеличи името Свое свето над сѐ. Во оној ден кога ќе Те призивам, услиши ме брзо, внеси бодрост во душата моја. Ќе Те прославуваат, Господи, сите земни цареви, штом ќе ги чујат зборовите од Твојата уста, и ќе воспеваат за патиштата Господови, зашто е голема славата Господова. Зашто возвишен е Господ: и смирениот го гледа, а горделивиот оддалеку го познава. Кога ќе се најдам во тага – Ти живот ми даваш, ја пружаш раката врз јароста на моите непријатели и Твојата десница ме спасува. Господ ќе направи што е добро за мене! Твојата милост, Господи, е вечна; делата на рацете Свои не презирај ги! Господи, Ти си ме испитал и ме знаеш. Ти знаеш кога седнувам и кога станувам; Ти оддалку ги разбираш мислите мои. Патеката моја и јажето мое – Ти си ги испитал; сите патишта мои си ги предвидел. Уште зборови не ми дошле до јазикот мој, Ти, Господи, веќе ги знаеш: Сѐ што ми било и сѐ што ќе биде. Зашто Ти си ме создал и си ја положил раката Своја врз мене. Се восхитувам на Твоетознаење, – тоа е превисоко, не можам да му пријдам! каде да одам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам? Ако излезам на небото – Ти си таму; ќе слезам ли во пеколот, Ти си и тука. Ако ги земам крилјата рано в зори и се преселам на крајот од морето, – и таму ќе ме води Твојата рака, Твојата десница ќе ме држи. Па си реков: можеби темнина ќе ме покрие, но и ноќта е како светлина околу мене; но и темнината нема да биде темнина за Тебе; и ноќта за Тебе е светла како ден и темнината како светлина. Зашто Ти си ја создал мојата внатрешниот и ме прифати од мајчината ми утроба. Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го сознава. Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, што си ја создал тајно, и природата моја во длабините на земјата. Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене, дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден. Твоите пријатели во голема се чест, Боже, и нивните владенија добро се зацврстени. Ќе ги пребројам – но тие се побројни и од песокта; се разбудив и сѐ уште сум со Тебе. Кога би сакал да ги убиеш, Боже, грешниците; иставете се од мене, крвопијци! Ревниви се во помислите свои, суетно се креваат Твоите непријатели. Зар не ги замразив оние. Господи, кои Тебе те мразат, и зар не се изедов поради непријателите Твои? Со полна омраза ги замразив; тие ми станаа непријатели. Испитај ме, Боже, и познај го срцето мое; испитај ме и запознај ги патеките мои; и види дали сум на пат на беззаконија, и упати ме на вечен пат. Спаси ме, Господи, од лукав човек и избави ме од неправеден човек; тие смислија зло врз срцето свое, секој ден се подготвуваат за борба; ги изострија јазиците свои како змија; под устите им е аспидин отров. Запази, ме, Господи, од рацете на грешник. Избави ме од луѓе неправедни, кои смислија да ми подметнат нога. Горделивите тајно поставија стапица, и распнаа примки од јажиња за мене; на патот ми поставија соблазна. Јас Му реков на Господа: Ти си Бог мој: услиши го, Господи, гласот на моето молење. Господи, Господи, сило на моето спасение! Ти, Кој во денот на битката ја засолни главата моја, не предавај ме, Господи, на грешникот против мојата желба; не давај да постигнат, што намислија за да не се возгордеат. Главата своја да не ја подигнат оние што ме опколија, нека падне врз нив злобата на нивната сопствена уста. Нека паднат врз нив жарени јаглења; да бидат фрлени во оган, па од маките да не станат. Човек иноверец нема да се одрже на земјава; злото ќе го одвлече неправедниот човек во погибел. Разбрав дека Господ ќе покаже правда за угнетените и милост за сиромасите. Да, праведниците ќе ги исповедаат името Твое, и непорочните ќе се населат пред лицето Твое. Господи, кон Тебе повикав: услиши ме, чуј го гласот на молењето мое, кога повикувам кон Тебе! Нека се исправи пред Тебе молитвата моја како темјан, а воздигањето на рацете мои – како жртва вечерна. Постави, Господи, стража пред устата моја и врата на усните мои; не давај да застрани срцето мое кон зборовите лукави, да врши грешни дела заедно со луѓето, кои вршат беззаконија; јас нема да се здружам со нивните избраници. Преведникот нека ме казнува – тоа е милост; нека ме изобличува, не не давај елеј на грешник да ја помаже главата моја; зашто и молитвата моја се противи на нивната злоба. Судиите нивни, кога ќе се распрснат по стрмни камења, ќе се чујат зборовите мои, зашто се пријатни. Како кога грутка земја ќе падне се растура, така се растурија коските наши во пеколот. Но кон Тебе, Господи, Господи, се управени очите мои; на Тебе се надевам, не одземај ја душата моја! Запази ме од стапиците што ми ги поставија, и од соблазната на оние што вршат беззаконија. Грешиците нека паднат во своите мрежи, само јас ќе поминам. Со гласот свој повикав кон Господа, со гласот свој Му се помолив на Господа. Ќе го излијам пред Него молењето мое: маката моја пред Него ќе ја кажам. Кога изнемоштувашедухот мој, Ти ја знаеше мојата патека, на патот, по кој одев, тие скришно примки ми поставија. Се обѕирав надесно и гледав, а таму никој кој ме познаваше: немаше каде да избегам; никој не се грижеше за душата моја. Повикав кон тебе, Господи, и реков: »Ти си мојата надеж и мој дел во земјата на живите. Прими ја молитвата моја, зашто се понизив многу; избави ме од моите гонители, оти тие се посилни од мене. Изведи ја од темнина душата моја, за да го прославувам името Твое. Мене ќе ме чекаат праведните, додека не ме повратиш.« Господи, услиши ја молитвата моја, чуј го молењето мое поради Твојата вистина; услиши ме поради Твојата правда и не стапувај во суд со Твојот слуга, зашто пред Тебе нема да се оправда ниту еден од живите. Непријателот ја прогонува душата моја, го понизил животот мој дури до земјата, ме остави во темнина како оние кои се одамна умрени; опадна духот мој во мене, се вознемири во мене срцето мое. Се сетив на дамнешните дни и размислував за сите Твои дела, расудував заделата на Твоите раце. Ги протегнав кон Тебе рацете мои, душата моја е жедна за Тебе како сува земја. Улиши ме, поскоро, Господи: духот мој малакса; не одвраќај го лицето Свое од мене, за да не заприлегам на оние, што слегуваат во гроб. Соопшти ми ја утрената милост Твоја, зашто на Тебе се надевам, Господи. Покажи ми го, Господи, патот по кој да одам, зашто кон Тебе ја вознесувам душата своја. Избави ме, Господи, од моите непријатели, зашто при Тебе прибегнав. Научи ме да ја исполнувам волјата Твоја, зашто Ти си мојот Бог. Твојот благ дух нека ме води по прав пат. Заради Твоето име, Господи, ќе ме оживиш; поради Твојата правда – ќе ја избавиш од неволја душата моја. Според милоста Твоја истреби ги непријателите мои и погуби ги сите, кои ја измачуваат душата моја, зашто јас сум слуга Твој. Нека е благословен Господ, Бог мој, Кој ги учи рацете мои за борба и прстите мои за војна. Он е милост моја и прибежиште мое, мој застапник и избавител мој – и јас на Негосе надевам. Он ми го потчинува мојот народ мене. Господи, што е човекот, па внимаваш на него, или син човечки – та да се сеќаваш на него. Човекот е како здив; дните негови одминуваат како сенка. Господи, приклони ги небесата Свои и слези; допри се до горите, и тие ќе се здимат; болсни со молњи и ќе ги растераш, пушти ги стрелите Свои и ќе ги збуниш; подај ја раката Твоја од височини, изведи ме и избави ме од многуте води, од рацете на туѓински синови, чии усти кажуваат суета и чија десница е десница на неправдата. Боже, нова песна ќе Ти испеам, ќе Ти свирам на харфа со десет жици. Ти им даруваш спасение на царевите, Ти го избави Твојот слуга Давида од остар меч. Избави ме и отми ме од рацете на туѓинските синови, чии усти лага говореа и чија десница е десница на неправдата. синовите наши се како нови насади во младоста своја, нашите ќерки се накитени и украсени како столбови во храмот. Полни се житниците наши, во изобилите со секаква храна; се плодат овците наши по пасиштата свои. И воловите ни се угоени, па нема паѓање не оградите, ни премин, ниту офкање по улиците наши. Блажен е оној народ, велатлуѓето, кој го има тоа! Блажен е оној народ, на кого Господ му е Бог! Ќе Те превознесувам, Боже мој, Цару мој, и ќе го благословувам името Твое сега, секогаш и во сите векови. Секој ден ќе Те благословувам и ќе го фалам името Твое сега, секогаш и во сите векови. Велик е Господ и достоен за голема похвала и величието Негово нема крај. Одрод во род ќе се фалат делата Твои и за силата Твоја ќе се прикажува. За велелепната слава на Твојата светост ќе зборуваат и за Твоите чудеса ќе известуваат. Ќе говорат и за силата на Твоите страшни дела, и ќе прикажуваат и за Твоето величие. Ќе ги помнат многуте добрини Твои, и ќе се радуваат на Твојата правда. Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив. Добар е Господ спрема сите, и Неговите штедрости се во сите Негови дела. Нека Те прославуваат, Господи, сите Твои дела, и нека Те благословуваат светиите Твои, и нека ја проповедаат славата на Твоето царство, а да прикажуваат и за силата Твоја. За да им се кажува на синовите човечки, за Твојата сила и за велелепната слава на Твоето царство. Твоето царство е царство на сите векови, а владеењето Твое над сите поколенија; верен е Господ во сите Свои зборови и свет во сите Свои дела. Господ ги придржува сите што паѓаат и ги подига наведнатите. Очите на сите се управени кон Тебе, и Ти им ја даваш нивната храна навреме; Ти ја отвори ракта Твоја и исполнуваш сѐ што е живо со сите негови потреби. Праведен е Господ во сите Свои патишта и свет во сите Свои дела. Близу е Господ до сите, кои Го признаваат, до сите, кои вистински Го призиваат. Он им ја исполнува желбата на оние, кои се бојат од Него, ги услишува молитвите нивни, и ги спасува. Господ ги пази сите кои Го сакаат, а сите грешници ќе ги истреби. Устата моја ќе искаже похвала на Господа; секое тело нека го благословува името свето, сега, секогаш и во сите векови. Фали Го, душо моја, Господа! Ќе Го фалам Господа додека сум жив; ќе Му пеам на мојот Бог додека постојам. Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение. Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли. Блажен е ониј, кому му е помошник Јакововиот Бог и чија надеж е во Господа, неговиот Бог, Кој го создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив, Кој вечно ја пази вистината, Кој врши суд на навредени, им дава леб на гладни; Господ крши окови на затворени. Господ им ги отвора очите на слепите, Господ ги исправа подгрбавените, Господ ги сака праведните. Господ ги пази придојдените, ги поддржува сираците и вдовиците, а патот на грешниците го разурнува. Господ ќе царува вечно; твојот Бог, Сионе, е од род в род. Хвалете Го Господа, зашто е добро да Му се пее на нашиот Бог, зашто на Добриот Му прилега похвала. Господ го гради Ерусалим и ќе ги собере расеаните синови на Израилот. Он ги изцелува скрушените по срце и ги преврзува раните нивни. Го определува бројот на ѕвездите и не сите им дава име. Велик е Господ наш и голема е силата Негова, а мудроста Негова – неизмерлива е. Господ ги прифаќа смирените, а грешниците ги понижува до земја. Пејте Му секогаш славословија на Господа: на гусле пејте Му на Нашиот Бог, Кој го покрива небото со облаци, подготвува дожд за земјата, прави да расте трева по горите и растенијата за полза на човекот, на добитокот му ја дава храната негова и на малите врани кога гракаат. На коњската сила не гледа Он, ниту Му е мила брзината на човечките нозе. Господ ги почитува оние, кои се бојат од Него и кои се надеваат на Неговата милост. Пофали Го, Ерусалиме, Господа; пофали Го, Сионе, твојот Бог. Он ги зацврсти резињата на вратите твои, ги благословува твоите синови во Тебе; го утврдува мирот во Твоите предели, со јадра пченица те заситува; го испраќа на земјата Својот благослов; Неговиот збор брзо оди; дава снег како волна; сипува магла како пепел; фрла град Свој како залаци; пред Неговиот мраз кој може да устои? Ќе го испрати благословот, и сѐ се растопува; ќе дувне со ветрот Свој, и води потекуваат. Он му го кажа благословот Свој на Јакова, Своите наредби и Своите судови на – Израилот. на никот друг народ Он не му го направил тоа, и Своите судови ним не им ги јавил. Фалете Го Господа на небесата, фалете Го, на висините. Фалете Го, сите ангели Негови, фалете Го, сите војски Негови. Фалете Го, сонце и месечино, фалете Го сите ѕвезди и светила. Фалете Го, небеса на небесата и води над небесата. Нека го фалат името на Господа, зашто Он ече и тие се јавија, заповеда – и се создадоа; ги постави за секогаш и за вечни времиња; даде наредби кои нема да се нарушат. Фалете Го Господа од земјата, вие, сите али и бездни; огнот и градот, снегот и мразот, и ти, бурен ветру, кој го исполнуваш словото Негово; гори и сите возвишенија, плодородни дрвја и сите кедри, ѕверови и сиот добиток, влекачи и птици крилати, цареви земни и сите народи, кнезови и сите земни судии, момчиња и девојки, старци со децата – сите нека го фалат името на Господа; зашто е само Неговото име возвишено; Него Го фалат на небото и на земјата. Он ќе ја подигне силата на Својот народ; Он ги прославува сите Свои светии, синовите Израилеви, на народот, кој Му е близок. Запејте Му на Господа нова песна; похвала за Него да се чуе во храмот на светиите. Нека се весели Израилот на Својот Создател; а синовите на Сион, нека се радуваат на својот Цар. Нека го фалат името Негово во оро, со тимпани и со гусли нека Го слават, зашто Господ го сака Својот народ и ќе ги возвиши кротките, спасувајќи ги. Ќе се развеселат светиите во слава, ќе се зарадуваат врз леглата свои. Славословија за Бога ќе има во устите нивни и двоостер меч – во рацете нивни, за да извршат одмазда над народите, за казна над племињата, да ги врзат во верига царевите нивни и нивните властелини – со железни окови на рацете; да го извршат над нив напишаниот суд. Тоа ќе биде славата за сите Негови светии. Фалете Го Бог во Неговата светиња, фалете Го во цврстината на силата Негова; Фалете Го поради Неговите сили, фалете Го поради многуте величија Негови. Фалете Го со трубен звук, фалете Го со псалтир и гусли; Фалете Го со тимпани и во оро, фалете го на струни и со свирка; фалете Го со милозвучни кимвали, фалете Го со кимвали громогласни! Сѐ што дише – нека Го фали Господа! Алилуја. Изреки Соломонови, син Давидов, цар израилски, за да се познае мудроста и поуката, за да се разберат изреките на разумот; за да се усвојат правилата на благоразумието, правосудието, судот и правината; да им се даде на простите разумност, на младите – знаење и расудување. Ако мудриот слуша, ќе ги умножи знаењата свои, и разумниот ќе најде мудри совети, за да разбира мудра изрека и длабок збор, зборовите на мудреците и нивните гатанки. Почеток на мудроста е стравот Господов; добро разбираат сите, што се раководат од него; а послушноста кон Бога е почеток на разбирањето; само глупавите ги презираат мудроста и поуката. Слушај ја, синко, поуката на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си. зашто тоа е красен венец за главата твоја и украс за вратот твој. Синко, ако те мамат грешници, не попуштај; ако кажат: »Дојди со нас, да направиме заседа за убиство, да го пречекаме непорочниот без вина, жив да го голтнеме, како што голта пеколот, и цел како оној што слегува во гроб; да си натрупаме секаков скапоцен имот, да ги наполниме куќите наши со плен; ти ќе фрлаш жреб заедно со нас, една торба ќе има за сите нас.« Синко, не оди на пат со нив, задржи си ја ногата од патеките нивни, зашто нозете нивни трчаат кон злото и брзаат крв да пролеваат; напразно се распнува мрежа пред птици. Но тие прават заседа против крвта своја, демнат против душите свои. Такви се патиштата на секого, кој е алчен на туѓ имот: тоа му го одзема животот на оној, што го заграбил. Премудроста говори високо на улицата, го крева гласот свој по плоштадите, проповедта во главните места на собирите, при влезовите на градските порти смело говори: »До кога, незналци, ќе го сакате незнаењето? До кога бујните ќе се насладуваат со бујноста? До кога глупавите ќе го мразат знаењето? Обрнете се кон Моите изобличувања; еве, Јас Го ќе излеам Духот Свој врз вас, ќе ви ги кажам зборовите Свои. Јас викав, а вие не послушавте; изговарав зборови, но вие не внимававте; вие ги отфрливте Моите совети, не внимававте кога ве изобличував. Затоа ќе се насмеам на вашата погибел; ќе се зарадувам на вашата погубност, кога ќе ве нападне ужас како бура, и зло како виор ќе мине над вас, кога ќе ве снајде неволја и уривање на градовите и кога ќе дојде пропаста. Тогаш ќе Ме викаат, но Јас нема да чујам; ќе Ме бараат лошите и нема да Ме најдат. Затоа што го намразија знаењето и не го примија стравот Господов; затоа што не го примија Мојот совет и ги презреа Моите разобличувања. Поради тоа тие ќе јадат од плодовите на своите патишта и ќе се наситуваат од своите лоши замисли. Зашто неразумните ќе ги убие нивната упорност, а глупавите ќе ги погуби нивната негрижа; но кој Мене Ме слуша, ќе дижвее безопасно и спокојно, не плашејќи се од злото.« Синко, ако ги примиш зборовите на Моите заповеди, и ги зачуваш во себеси, ако увото твое внимателно ја слуша мудроста, ако срцето твое се приклони кон размислување, ако со нив го поучиш синот твој; ако ги повикаш знаењето и разумот; ако ги бараш како сребро и ги истражуваш како ризница, – ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога. Зашто Господ дава мудрост; од устата Негова доаѓа знаењето и разумот; Он го зачувува за праведните спасението; Он е штит за оние што одат непорочно; Он ги чува патиштата на правдата и ја брани патеката на оние, кои Го почитуваат. Тогаш ќе ги разбереш правдата и правосудието, правината и секој добар пат. Кога мудроста ќе влезе во срцето твое, и знаењето ќе ѝ биде пријатно на душата твоја, тогаш расудувањето ќе те брани, разумот ќе те чува, за да те спаси од лош пат, од човек, кој говори лага, од оние, што ги напуштиле патиштата на правдата, за да одат по пат не темнината; од оние, што се радуваат, вршејќи зло, кои се восхитуваат на расипаност, чии патишта се криви, и кои талкаат далеку од правиот пат; за да те спаси од жената на друг, од туѓа, која ги засладува зборовите свои, која го остава пријателот на младоста своја, и која го заборава заветот на својот Бог. Домот нејзин води кон смрт, и патеките нејзини – кон пеколот; никој од влезените при неа не се враќа никогаш и не стапнува на патот кон животот. Затоа оди по патот на добрите и придржувај се за патеките на праведните, зашто праведните ќе живеат на земјата, и непорочните ќе опстанат на неа; а беззакониците ќе бидат истребени од земјата, и вероломните – искоренети од неа. Синко, не ја заборавај поуката Моја и срцето твое да ги чува заповедите Мои; зашто тие ќе ти придадат долги дни, години на живот и мир. Милостињата и верата да не бидат скудни во тебе: обеси ги на вратот свој, напиши ги на плочите на срцето свое, – па ќе најдеш милост и благоволение пред очите на Бога и на луѓето. Надевај се на Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки. Не се сметај за мудрец; бој се од Господа и бегај од злото: тоа ќе биде здравје за твоето тело и лек за твоите коски. Давај му принос на Господа од имотот твој и од привините на плодовите од твоите придобивки, та твоите житници да се исполнат до врвот, твоите бочви да се прелеваат од вино. Не занемарувај ја, синко, казната од Господа, и да не ти е тешко од Неговото изобличување; зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој што го љуби. Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил разум; подобро е да ја добиеме неа, отколку ризници со сребро и злато; таа е поскапа и од скапоцени камења; ни едно зло не може да ѝ се спротивстави; таа им е добро позната на сите, што се приближуваат кон неа, ништо, па и сѐ што ти е мило, не може да се спореди со неа. Во десницата нејзина е долгоденствието, а во левицата ѝ е – богатството и честа; од устата ѝ излегува правда; закон и милост носи на јазикот свој; патиштата нејзини се пријатни патишта, и сите патеки нејзини се – спокојни. таа е дрво на животот за оние, што ја придобиваат, и блажени се, кои ја запазуваат. Господ со премудроста ја основа земјата, со разум ги утврди небесата; преку Неговата премудрост се отворија бездните, и облаците оросија со роса. Синко, не ги испуштај од предвид овие, работи; запази ја мудроста и разумот; тие ќе бидат живот за душата твоја и украс на вратот твој; ќе бидат изцеление за твоето тело и лек за твоите коски. Тогаш ќе одиш без опасност по патот свој, и ногата твоја нема да се сопне. Коге ќе легнеш да спиеш, нема да се плашиш, и кога ќе заспиеш, сонот ќе ти биде пријатен. Нема да се исплашиш од ненадеен страв, ниту од напад, кој доаѓа од безбожниците, бидејќи Господ ќе биде на сите твои патишта и ќе ја запази ногата твоја од препнување. Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба, кога раката твоја има сила да му помогне. Не му вели на пријателот свој: »Оди си и дојди пак; утре ќе ти дадам« кога си во состојба да му помогнеш, зашто не знаеш што ќе роди утрешниот ден. Не крои зло против ближниот свој, кој е придојден и кој со доверба живее при тебе. Не се карај со човек без причина, кога не ти направил никакво зло. не завидувај му на човек што постапува насилно, и не избирај ни – еден од патиштата негови, зашто на Господа му е одвратен безбожникот, а близок е со праведникот. Проклетството Господово е врз домот на нечесниот, а живеалиштето на праведникот Бог го благословува. Над оние што се подигруваат, Он се потсмева, а на смирените им дава благодат. Мудрите ќе наследат слава, а безумните – срам. Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте, та да се научите да ја разбирате, зашто добар дар ви дарувам; не оставајте ја мојата заповед. Зашто и јас бев син послушен на татка ми, и омилен на мајка ми; и татко ми ме поучуваше и ми велеше: »Зборовите мои задржи ги во срцето твое; пази ги моите заповеди и не заборавај ги! Здобивај се со мудрост, придобивај разум; не заборавај го тоа и не се отстранувај од зборовите на устата моја. Не ја оставај, – и таа ќе те пази, сакај ја, – и таа ќе те чува. Главно е мудроста: придобивај мудрост и за сиот свој имот придобивај разумност. Високо цени ја, и таа ќе те воздигне; таа ќе те прослави, ако ја прегрнеш, ќе положи на главата твоја благодатен венец, со венец на сладост ќе те закрили. Слушај, синко, и прими ги зборовите мои, – и ќе ти се умножат годините на животот. Ти го покажувам патот на мудроста, те водам по прави патеки. Ако одиш, нозете твои нема да се сопнат, и ако потрчаш, нема да се измориш. Држи се здраво за поуката, не ја оставај; пази ја, бидејќи таа е твојот живот. Не оди на пат безбожнички и не оди по патот на лоши луѓе; остави го, не оди по него, отстрани се од него и заобиколи го; зашто тие не заспиваат, ако не направат зло; и сон не ги фаќа, ако не доведат некого до пад; оти тие јадат леб од беззаконие и се опиваат со вино од грабеж. Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе дури не настане ден. А патот на беззакониците е како темнина; тие не знаат, од што ќе се сопнат. Синко, внимавај на зборовите мои и приближи го увото кон поуките мои; да не остапуваат тие од твоите очи; чувај ги внатре во срцето свои: зашто тие се живот за оние што ги наоѓаат, и здравје за целото тело нивно. Од сѐ, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свео, зашто од него се изворите на животот. Отфрли ја од себеси лажливата уста, а лукавството на јазикот од себеси оддалечи го. Очите твои нека гледаат право, и клепките твои да бидат управени кон праведното. Провери ја патеката со нозете свои, и сите патишта твои нека бидат прави. Не скршнувај ни десно, ни лево; оддалечи ја ногата од злото, зашто десните патишта Господ ги надгледува, а левите се расипани. Он ќе ги направи твоите патишта прави, и твоето одење ќе го уреди во мир.« Синко, внимавај на мудроста моја и приближи го увото кон зборовите мои, за да ја запазиш добрата мисла, и устата твоја да го зацврсти знаењето; не ѝ обрнувај внимание на лошата жена, зашто мед тече од устата на блудница, и нејзиниот збор е помек од елејот; но последиците од неа се горчливи како пелин, остри како меч со две сечива; нозете нејзини слегуваат кон смртта, стапките нејзини водат до пеколот. Таа не оди по патот на животот, патиштата нејзини се непостојани, таа не е разумна. Затоа сега, синко, послушај ме и не отстапувај од зборовите Мои. Држи го подалеку од неа патот свој и не приближувај се до вратата на куќата нејзина, за да не си го дадеш животот свој на друг и годините свои на мачител; за да не се наситуваат туѓинците од твојата сила, и трудовите твои да не бидат за туѓа куќа, за да офкаш отпосле, кога плотта твоја и телото твое ќе бидат истоштени, – оти потоа ќе речеш: »Зошто ја мразев поуката, и срцето мое го презираше разобличувањето, зошто не го послушав гласот на моите учители, и не го приклонував увото кон оние што ме поучуваа? За малку ќе паднев во секакво зло среде собранието и општеството!« Пиј од водата на твојот извор и од онаа, што извира од твојот кладенец. Нека не се разлеваат твоите извори по улицата, водните потоци – по плоштадите; нека ти припаѓаат тие само тебе, а не и на туѓинци. Благословен да биде изворот твој; и утешувај се со жената на својата младост, Нека ти е мила како кошута и како срна драга; нејзините гради нека те допираат во секое време, со љубовта нејзина насладувај се постојано; и зошто ти е, синко, да се забавуваш со надворешна и да ги прегрнуваш градите на туѓа? Оти патиштата на човекот се пред очите на Господа, и Он ги гледа сите патеки негови. Беззаконикот го фаќаат неговите сопствени беззаконија, и врските на гревот негов го држат: тој умира без да биде поучен, и поради големото свое безумие загинува. Синко, ако си зел одговорност за твојот ближен и си ја дал раката своја за друг, ти си се врзал со зборовите на устата своја, фатен си со зборовите на својата уста. Затоа направи, синко еве што, за да се избавиш, бидејќи, си паднал во рацете на својот ближен: оди, падни пред нозете на блискиот свој и моли го; не им давај сон на очите твои и дремка на клепките свои, спасувај се како срна од стапица и како птица од мрежа. Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар. Таа нема ниту началник, ни настојник, ниту заповедник; но ја приготвува храната лете, ја собира во време на жетва храната своја. Или оди кај пчелата и види, колку е трудољубива, каква пофална работа врши; трудот нејзин го употребуваат за здравје и царевите и обичните луѓе; неа сите ја сакаат, и таа е славна; иако по силата е слаба, но по мудроста е почитувана. До кога, мрзливче ќе спиеш? Кога од сонот ќе станеш? малку ќе поспиеш, малку ќе подремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш: и ќе дојде сиромаштијата твоја како патник, и немаштијата твоја како разбојник. Ако, пак, не бидеш мрзелив, жетвата твоја ќе дојде како извор, а скудноста ќе избега далеку од тебе. Човек лукав, човек нечестив со лажлива уста, намигнува со очите, говори со нозете, дава знаци со прстите, во срцето негово има подмолност: тој мисли зло во секое време, сее раздори. Затоа ненадејно ќе дојде неговата пропаст, наеднаш ќе биде сотрен – без излекување. Еве шест работи, кои Господ ги мрази – дури седум, што му се одвратни на душата Негова: очи горделиви, јазик лажлив и раце, што пролеваат невина крв, срце кои крои лоши планови, нозе, кои брзо трчаат кон зло, лажен сведок, кој измислува лаги, и оној, што сее раздор меѓу браќа. Синко, пази ја заповедта на татка си и не отфрлај поуката на мајката своја; врзи ги засекогаш за срцето свое, врзи ги околу вратот свој. Ако тргнеш, тие ќе те раководат; ако легнеш да спиеш, ќе те пазат, ако се разбудиш, ќе разговараат со тебе; зашто заповедта е светило, и поуката – светлина, а опомената – пат кон животот, за да те пазат од расипана жена, од ласкав јазик на туѓа. Не ја посакувај убавината нејзина во срцето свое, за да не бидеш уловен преку очите свои и да не те вовлече со трепките свои, зашто поради жена блудница човекот паѓа до корка леб, а жена прељубодејка уловува многу чесна душа. Може ли некој да носи оган во гради, а да не се запали облеката негова? Може ли некој да оди по вжарени јаглења, а да не ги изгори нозете свои? Истото тоа станува и со оној, кој влегува кај жена на ближниот свој; кој и ќе се допре до неа, нема да остане без вина. Не му проштеваат на крадецот, ако краде за да си ја насити душата, кога е гладен; ако го фатат, тој плаќа седумпати повеќе, го дава целиот свој имот. Кој, пак, врши прељуба со прељубница, тој нема ум; си ја погубива душата своја, оној што врши тоа; биење и срам ќе најде тој, и бесчестието негово нема да се избрише, зашто љубомората е јарост на мажот, и во денот на одмаздата своја – тој не ќе знае за милост, нема да прими никаков откуп и нема да се задоволи ни со многу подароци. Синко, пази ги зборовите мои, и сокриј ги во тебе заповедите мои. Синко, почитувај Го Господа, – и ќе се зацврстиш и, освен од Него, не се плаши од никого. Пази ги заповедите мои, и ќе живееш; пази го и учењето мое, како зеницата на очите свои. Врзи ги на прстите свои, напиши ги на плочите од срцето свое. Кажи ѝ на мудроста: »Ти си ми сестра!« – и наречи го разумот твој роднина, за да те пазат од жената на друг, од туѓа, која ги засладува зборовите свои. Ете, еднаш гледав од прозорецот на куќата моја, низ мојата решетка, и видов меѓу неискусните, забележав меѓу младите едно неразумно момче, кое минуваше преку плоштадот близу до нејзиниот агол и кое одеше по патот кон нејзината куќа, квечерина кога се стемнуваше, во ноќната темнина и во мракот. И ете, во пресрет му доаѓа жена, наконтена како блудница, со подмолно срце, зборлива и нескротлива, нозете нејзини не се запираат в куќи: де на улицата, де по плоштадите и на секој агол поставува стапици. Таа го зграпчи, го бакна и со бесрамно лице му зборуваше: »Мирна жртва имам денес: денес го исполнив планот свој; затоа и излегов да те пресретнам, за да те побарам, и те најдов; со килими го украсив леглото свое, со разнобојни покривки египетски; леглото свое го попрскав со смирна, алој и дарчин; дојди, ќе се насладуваме со љубовта дури до зори, дојди да се радуваме во милување, зашто маж ми не е дома: тој замина на долг пат; една кеса сребро зеде со себеси; ќе си дојде дома кон полната месечина.« Со многу ласкави зборови таа го привлече, со меката уста своја го овладеа. Тој веднаш тргна по неа, како што вол оди на колење и како куче – на верига, како елен – на истрел, додека стрела не му го пробие црниот дроб, како птичка што се фрла во стапица, а не знае дека е таа за нејзина погибел. И затоа, синко, послушај ме и внимавај на зборовите од устата моја. Да не скршнува срцето твое по нејзиниот пат, да не талка по патеките нејзини, зашто таа многумина смртно ранила, и многумина јунаци таа убила. Нејзиниот дом е пат кон пеколот, кој води во внатрешните живеалишта на смртта. Нели мудроста вика? И нели разумот го издига гласот свој? Мудроста застанува на високи места, крај патот, на раскрсници; таа вика пред портите при влезот во градот, при влезот на вратата силно извикува: »Кон вас, луѓе, викам, и кон синовите човечки е мојот глас! Научете се, неразумни, на благоразумие, и безумни, – на разум. Слушајте, бидејќи ќе говорам важни работи, и устата моја ќе изрече правда; зашто јазикот мој ќе ја изговори вистината; лажливата уста одвратна е за мене. Сите зборови на устата моја се справедливи; во нив нема ни подмолност, ни лукавство; сите тие се јасни за разумниот и справедливи за оние, што се здобиле со знаење. Примете го учењето мое, а не сребро; подобро знаење, отколку најдобро злато; зашто мудроста е подобра од бисер, и ништо, од она што е скапоцено, не може да се спореди со неа. Јас, премудроста, живеам со разумот и барам ресудувачко знаење. Стравот Господов ја мрази неправдата; ја мрази гордоста и високомерноста, лошиот пат и подмолната уста. Мои се советот и разумноста; јас сум разум, во мене е силата. Преку мене цареви царуваат, и заповедници правда озаконуваат; преку мене началници управуваат и големци и сите судии земни. Ги сакам оние што мене ме сакаат, и кои Ме бараат, ќе најдат добрина; во Мене се богатството и славата, богатата ризница и правдата; плодовите мои се подобри од злато, и од најчисто злато, и користа од мене е повеќе отколку од најчисто сребро. Јас одам по патот на правдата, по патеките на правосудството, за да им доставувам вистинско добро на оние, што ме сакаат, нивните ризници ги полнам. Кога го објавувам она, што станува секојдневно, нема да заборавам да го спомнам и она, што е од секогаш. Господ ме создаде за почеток на Својот пат, на Своите творби, ме создаде уште од вечноста, во почетокот, пред да ја создаде земјата. Јас сум се родила, кога уште немаше бездни, кога уште немаше извори, изобилни со вода. Јас сум се родила пред да бидат втемелени горите, пред ридовите, кога Господ уште не беше ја создал земјата, ни полињата, ниту првите прашинки на вселената. Кога Он го приготвуваше небото, јас бев со Него, кога го поставуваше престолот Свој врз ветровите, кога ги утврдуваше облаците во висините, кога ги зацврстуваше изворите на бездната, кога ги поставуваше границите на морето, за да не ги преминуваат водите неговите брани, кога ги полнеше основите на земјата, – јас бев при Него кога создаваше, и се радував секој ден, веселејќи се пред лицето Негово за сето време, веселејќи се на Неговиот земен круг, и радоста моја беше со синовите човечки. И така, синко, сега послушај ме: блажени се, оние што ги пазат моите патишта! Послушај ја поуката, бидете мудри и не отстапувајте од неа. Блажен е оној човек, кој ме слуша, станувајќи бодар секој ден при портите мои и стоејќи на стража при вратата моја! Зашто, кој ме нашол мене, нашол живот; и ќе добие благодат од Господа; а кој греши против мене, нанесува штета на душата своја: сите што ме мразат мене, ја сакаат смртта.« Премудроста си изгради дом, ги утврди седумте столбови негови, ги закла своите жртви, го расточи во чаша виното свое и ја приготви трпезата своја; ги испрати слугите свои да огласат од градските височини: »Кој е неразумен, да наврати тука!« И на малоумните таа им рече: »Дојдете, јадете го лебот мој и пијте го виното, што сум го приготвила; оставете ја неразумноста, и ќе живеете; одете по патот на разумот.« Кој поучува бесрамник, ќе си спечали неславност, и кој го разобличува нечестивецот – дамка. Не изобличувај го бесрамникот, за да не те намрази; поучувај го мудриот, и тој ќе те засака. Дај му совет на мудриот, и тој ќе биде уште помудар; научи го праведниот, и тој повеќе ќе напредне во знаењето. Почеток на мудроста е стравот Господов, и познавањето на светиот е разум; зашто преку мене ќе ти се умножат дните, и ќе ти се додадат години на животот. Синко! Ако си мудар, мудар си за себеси и за ближните свои; и ако си лош, самиот ќе страдаш. Кој се крепи на лага, тој пасе ветрови, потскокнува зад птиците што фрчат: зашто тој го оставил патот кон своето лозје и талка по патеките на нивата своја; минува преку безводна пустиња и земја, осудена да жеднее со рацете свои собира бесплодност. Жена без расудување е зборлива, безумна и ништо не разбира, седнува пред куќната врата на стол, по високите места на градот, за да им вели на минувачите, што си одат право по патот: »Кој е глупав, нека наврати тука«, а на малоумните им вели: »Крадена вода е слатка, и сокриен леб е – пријатен.« И тој не знае дека поканетите од неа родени на земајта умираат, и дека се во дното на пеколот. Но ти оттргни се, не задржувај се на тоа место, не запирај го погледот свој на неа; зашто само така ќе минеш преку туѓа река. Бегај од туѓа вода и не пиј од туѓ извор, за да поживееш многу време и да ти се додадат години на животот. Мудар син го радува татка си, а безумниот син е тага на мајка си. Беззакони ризници не донесуваат полза, а правдата од смрт спасува. Господ не допушта да гладува душата на праведникот, но на безбожниците го одзема. Мрзливата рака донесува сиромаштија, а раката на работливиот збогатува. Кој собира преку летото, е разумен син, а кој спие за време на жетвата, е неразумен син. Благослов почива врз главата на праведниот, а насилство им ја затвора устата на беззакониците. Споменот за праведниот ќе биде благословен, а името на нечестивите ќе биде проколнато. Мудриот по срце прима заповеди, а неразумниот, кој брбори, ќе се сопне. Кој оди во непорочност, оди без страв; а кој ги искривува патиштата свои, ќе биде казнет. Онаа што намигнува со очите, го срамоти мажот свој, а кој глупаво зборува – пропаѓа. Устата на праведникот е извор на животот, а насилството им ја затвора устата на беззакониците. Омразата предизвикува раздори, а љубовта ги покрива сите гревови. Во устата на разумниот има мудрост, а за грбот на глупавиот – стап. Мудрите го чуваат знаењето, а устата на глупавиот е близу до смртта. Имотот на богатиот е негов утврден град, а пропаст за бедните е нивната сиромаштија. Трудот на праведникот води кон живот, успехот на нечестивиот – кон грев. Кој ја пази поуката, тој е на патот кон животот; а кој го отфрла разобличувањето – талка. Којшто крие омраза, има лажлива уста; а кој шири клетви, е глупав. При многу зборување не се избегнува гревот, а разумен ќе бидеш ако ја воздржуваш устата своја. Јазикот на праведниот е одбрано сребро, а срцето на нечестивите – нема вредност. Устата на праведниот поучува мнозина, а глупавите умираат од недостиг на разум. Благословот Господов – збогатува, и не донесува со себеси тага во срцето. Глупавиот со веселба го прави она што е престапно, а на разумниот човек мудроста му е својствена. Од она од што се плаши нечестивиот, тоа ќе го снајде, а желбата на праведниците ќе се исполни. Како што виорот минува, така и нечестивиот ќе исчезне; а праведникот е врз вечни основи. Она што е јагуридата за забите и димот за очите, таков е и мрзливиот за оние што праќаат. Стравот Господов додава денови, а годините на нечестивите ќе се скратат. Очекувањето на праведниците е радост, а надежта на нечестивите ќе загине. Патот Господов е крепост за непорочниот, а пропаст за оние, што вршат беззаконие. Праведниот нема да се поколеба никогаш, а лошите нема да ја населат земјата. Од устата на праведникот тече мудрост, а злоштетниот јазик ќе биде пресечен. Устата на праведникот го познава благопријатното, устата на нечеситвите – развратното. Неисправните мерила се одвратни пред Господа, а точните мерки Нему Му се угодни. Ќе дојде ли гордоста, ќе дојде и срамот, но мудроста е со смирените. Праведниот, умирајќи остава сожалување; а смртта на нечестивите е ненадејна и радосна. Непорочноста на простодушните ќе ги раководи, а лукавството на подмолните ќе ги погуби. Богатството нема да помогне во денот на гневот, а правдата ќе спаси од смрт. Правдата на непорочниот го израмнува неговиот пат, а нечестивиот ќе падне поради својата нечесност. Правдата на простодушните ќе ги спаси, а беззакониците ќе бидат уловувани од своето беззаконие. Со смртта на нечестивиот човек, исчезнува надежта негова, и очекувањето на беззакониците загинува. Праведникот се спасува од неволја, а место него во неа паѓа нечестивиот. Лицемерниот го погубува со уста ближниот свој, а праведниците се спасуваат со знаење. Кога праведниците благословуваат, градот напредува, а преку устата на нечестувите се разрушува. Со благословот на праведните градот се издига, а преку устата на нечестивите се разурушува. Малоумниот искажува презир кон ближниот свој, но разумниот човек молчи. Кој оди да озборува, издава тајна, но верниот човек ја чува тајната. Каде нема советување, неродот опаѓа, спасението е во многу советници. Кој што презема јамство за друг, зло си донесува, а кој го мрази јемството, тој е во безопасност. Добрата жена ја зголемува славата на мажот свој, а жената, која ја мрази правдата, е врв на нечесноста. Мрзливите се немоќни, а трудољубивите се здобиваат со богатство. Милосрдниот човек си прави добро на душата своја, а жестокиот по срце го руши телото свое. Нечестивиот врши измамлива работа, а на оној што сее правда, наградата му е вистинска. Праведноста води кон живот, а кој се стреми кон зло, се стреми кон смртта своја. Подмолните по срце се одвратни пред Господа, а неопрочните во својот пат Нему Му се благоугодни. Можеш со сигурност да речеш, дека порочниот нема да остане неказент, а семето на праведните ќе се спаси. Она што е златна алка на носот кај свињата, тоа е жена убава, но без разум. Праведните сакаат само добро, а нечестивите ги очекува гнев. Еден раздава штедро, и уште му се додава; а друг преку мера е штедлив, и пак е сиромав. Добротворната душа ќе биде наситена, и кој напојува други, и тој самиот ќе биде напоен. Кој задржува храна за себеси, него народот го проколнува; а кој ја продава – врз главата негова стои благослов. Кој се стреми кон добро, тој бара благоволение; а кој бара зло, него и го снаоѓа. Кој се надева на богатството свое, ќе падне; а кој се застапува за праведниците, тој ќе напредува. Кој ја расипува куќата своја, ќе наследи ветар, а неразумниот му е слуга на мудриот. Плодот на праведникот е дрво на животот, а безбожниците предвреме ќе бидат земени. Ако на праведникот му се плаќа на земјата, дотолку повеќе на нечестивиот и на грешникот. Кој ја сака поуката, го сака и знаењето; а кој го мрази изобличувањето – неразумен е. Добриот добива благодат од Господа, а на подмолниот Он ќе му суди. Човек нема да се зацврсти со беззаконие; а коренот на праведните е неподвижен. Добродетелна жена е венец за мажот свој, а онаа, што го срамоти, е како гнилеж во коските негови. Помислете на праведните се правда, а плановите на нечестивите – подмолност. Зборовите на нечестивите се заседа за пролевање крв, а устата на праведните ги спасува. Каде и да се свртат нечестивите – исчезнуваат, а домот на праведните останува. Човекот го фалат според разумот негов, а развратниот по срце ќе биде презрен. Подобро и прост, но да работиш за себеси, отколку да се фалиш, а да немаш леб. Праведникот се грижи и за животот на добитокот свој, а срцето на грешникот е жестоко. Кој ја обработува земјата своја ќе се наситува со леб; а кој оди по стапките на безработниците, е малоумен. Кому му е драго да губи време по вино, тој ќе остави во куќата своја безчестие. Желбите на грешниците се зли; но корењата на праведниците се силни. Нечесниот се фаќа во мрежа преку гревовите на устата своја; но праведниот ќе се спаси од неа. Кој гледа кротко, ќе биде помилуван, а кој оди кон вратата, стеснува други. Од плодот на устата своја човекот се наситува добро, и на човека му се дава според делата на рацете негови. Патот на неразумниот му се чини прав во неговите очи; но кој слуша совет, тој е мудар. Глупавиот веднаш ќе го покаже гревот свој, а благоразумниот го покрива срамот. Кој го кажува она, што го знае, тој говори правда, а лажниот сведок, говори измама. Празнословецот ранува како меч, а јазикот на мудрите исцелува. Праведната уста сведочи право, а лажливиот јазик е брз за измама. Во срцето на оние што мислат зло, има подмолност, а кај миротворците – радост. Праведниот нема да го достаса никакво зло, а нечесните ќе бидат преполни со зло. Лажливата уста е одвратност пред Господа, а којшто говори вистина, благоугоден Му е Нему. Расудлив човек го прикрива знаењето свое, а срцето на глупавите ја разгласува својата лудост. Раката на избраните ќе господари, а на лажливите ќе биде во плен. Тагата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го развеселува. Праведниот му го покажува патот на ближниот свој, а патот на нечесните ги води во заблуда. Мрзливиот својот лов не го пече; а трудољубивоста е големо богатство. По патот на правдата има живот, а во нејзината патека нема смрт. Мудар син слуша татковата поука, а непослушниот не го слуша прекорот. Од плодот на устата своја човекот ќе вкуси добро, а душата на беззаконикот ќе загине предвреме. Кој ја чува устата своја, тој ја чува душата своја; а кој широко ја отора устата своја, тешко нему. Душата на мрзливиот посакува, но напразно; а душата на работливиот ќе се насити. Праведиот го мрази лажливиот збор, а нечесниот се срами и нема смелост. Правдата го чува непорочниот, а нечеснотса го погубува грешникот. Некој се покажува богат, а нема ништо; друг се прикажува за сиромав, а има големо богатство. Со богатство човек го искупува животот свој, а сиромавиот и заплашувањето не го слуша. Светлината на преведниците свети секогаш, а светилото на нечесните згаснува. Подмолните души талкаат во гревови, а праведниците се милостиви и милуваат. Од гордоста произлегува спечалено со беззаконие, се намалува, а кој собира со труд, го зголемува. Богатството, спечалено со беззаконие, се намалува, а кој собира со труд, го зголемува. Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето, а исполнета желба е како дрво на животот. Кој не води грижа за словото, тој си штети, а кој се бои од заповедта, нему ќе му се даде. Кај лукав син нема ништо добро, а на разумен слуга делата му успеваат, и патот му е прав. Учењето на мудриот е извор на животот, кој го оддалчува од мрежите на смртта. Добриот разум донесува пријатност, а патот на беззаконицте, води во пропаст. Секој благоразумен работи со знаење, а глупавиот се истакнува со глупости. Лош гласник паѓа во беда, а верен гласник е спасение. Немаштија е срам за оној, што го отфрла учењето; а оној, кој ја пази поуката, ќе се прослави. Изполнета желба е пријатана за душата, но на глупавите им е тешко да го одбегнуваат злото. Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде. Грешниците злото ги гони, а на праведниците им се враќа добро. Добриот остава наследство и на внуци, а богатството на грешникот се чува за праведните. Праведните имаат богатство многу години, неправедните бргу го загубуваат. Кој ја жали прачката своја, го мрази синот свој; а кој го сака, го казнува за да го поправи. Праведникот јаде до наситување, а стомакот на беззакониците трпи од недостиг. Мудра жена си ја уредува куќата, а глупавата ја урива со рацете свои. Кој оди по прав пат, се плаши од Господа; на кого патиштата му се криви, тој не мисли за Него. Во устата на безбожникот се камшикот на гордоста; а мудрите ги запазува нивната уста. Каде што нема волови, јаслите се празни; а од силата на воловите има изобилно жито. Верен сведок не лаже, а лажливиот сведок шири многу лаги. Развратникот бара мудрост, и не ја наоѓа; а разумниот до знаењето лесно доаѓа. Бегај од безумен човек, кај кого не забележуваш разумна уста. Мудроста на разумниот е да го знае патот свој, а безумноста на безрасудните е заблуда. Домовите на беззакониците треба да се чистат, а домовите на праведните се чисти и пријатни. Срцето ја знае тагата на душата своја, и туѓ не се меша во радоста негова. Куќите на беззакониците ќе се сотрат, а живеалиштата на праведните ќе опстојат. Има патишта, кои на човека му изгледаат прави, но крајот нивни води до дното на пеколот. И при смеа понекогаш срцето боли, а по радоста настаува тага. Човек со развратно срце ќе се насити од своите патишта, но добриот – си оди по правите. Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори. Мудриот бега од злото, а неразумниот се надева во себе и со беззаконици се дружи. Избувливиот човек не слуша совет, а пакосниот е омразен. Безумните се исполнуваат со злоба, а благоразумните се украсуваат со венец. Лошите ќе се приклонат пред добрите, а нечесните – служат пред вратите на праведникот. Сиромавиот го мразат дури и неговите блиски, а богатиот има многу пријатели. Греши оној што го презира сиромавиот, а блажен е оној што е милосрден кон сиромасите. Нели се заблудуваат оние, што кројат зло? Не знаат милост и верност, кои вршат зло; но милост и верност има кај оние што мислат добро. Од секој труд има изобилен плод, а празните зборови и негрижата водат кон скудност. Венец на мудрите е богатството нивно, а животот на безумните е само зло. Верен сведок души спасува, а лажливиот лаги измислува. Во стравот пред Господа има голема надеж, и на чедата Свои Он им е прибежиште. Стравот Господов е извор на животот, извор што оддалечува од мрежите на смртта. Во многуброен народ е величието на царот, а кога нема народ – пропаст е за господарот. Кај трпеливиот човек разум има многу, а лутиот полн е со глупости. Кроткото срце е живот за телото, а зависта е гнилеж за коските. Кој притеснува сиромав, го навредува неговиот Создател, а кој Го почитува Создателот, му прави добро на оној што е во нужда. За своето зло нечесниот ќе биде отфрлен, а праведниот и при смртта ќе има надеж. Мудроста почива во срцето на разумниот, а во срцето на безумниот не се јавува. Правдата подига народ, а беззаконието ги срамоти племињата. На царот мил му е разумниот слуга, а се разгневува против оној, кој го посрамува. Гневот и разумни погубува. Кроткиот одговор гневот го ублажува, а навредлив збор јарост предизвикува. На мудрите јазикот добри знаења искажува, а на безумните устата глупост им објавува. Очите Господови се на секое место: тие ги гледаат лошите и добрите. Кроток јазик е дрво на животот, кој го запазува – ќе се исполни со дух. Безумниот се подбива со татковата поука; а кој слуша изобличувања, благоразумен е. Во многу правда име голема сила, а нечесните ќе бидат искоренети од земјата. Во куќата на праведникот – обилни ризници, а имотот на нечесниот – пропаѓа. Устите на мудрите знаење сеат, но срцето на безумните не постапува така. Жртвата на нечесните е одвратност пред Господа, а одговорите на праведните Му се благоугодни. На нечесниот патот е одвратност пред Господа, а кој ја бара правдата, Он го сака него. Казната на добриот сите ја гледаат, а кој го мрази изобличувањето – срамно завршува. Пеколот и пропаста се откриени пред Господа, а како ли нема да бидат – срцата на синовите човечки? Развратникот не ги сака оние, што го прекоруваат, тој не разговара со мудрите. Весело срце го прави лицето весело, а при срдечна жалост – тоа е натажено. На разумен срцето бара знаење, а устите на безумните со зло се хранат. На измамник сите дни му се тажни; а на кого срцето му е весело, во него секогаш има гозба. Подобро малку, но со страв Господов, отколку голема ризница, и со неа немир. Подобро јадење од зеленчук, и со него љубов, отколку угоени телиња, и со нив омраза. Избувлив човек расправии крева, а трпеливиот расправии смирува. Трпеливиот караници смирува, а нечесниот ги разгорува. Патот на мрзливиот е послан со трње, а патот на праведниот е чист. Мудар син го радува татка си, а безумниот – ја ожесточува мајка си. На малоумниот безумни му се патеките, а разумен човек оди по правиот пат. Без советување намерите се расутраат, а при многу советници тие успеваат. Безумниот не слуша добар совет, а и не советува она што е добро за сите. Мудриот размислува за патот на животот, за да се отстрани од патот што води во пеколот и да се спаси. Господ ќе го сотре домот на гордите, а меѓата на вдовицата ќе ја зајакне. Помислите на лошите се одвратни пред Господа, а зборовите на непорочните Му се угодни. Лакомиот ќе го растури својот дом, а оној, кој мрази подароци, ќе живее; со милостиња и чесност гревовите се чистат, а стравот од Господа запазува од гревот. Срцето на праведниот се поучува од верата, а устата на нечесните исфрла зло. Пријатни се пред Господа патиштата на праведните; преку нив и непријателите стануваат пријатели. Господ е далеку од нечесните, но ја слуша молитвата на праведните. Светол поглед срце радува, добра вест коски храни. Кој го слуша учењето на животот, меѓу мудри ќе живее. Кој ја отфрла поуката, ја мрази душата своја; а кој слуша изобличување, тој ја сака душата своја. Стравот Господов учи на мудрост, а пред славата оди смиреноста. Човекот размислува во срцето свое, но одговорот на јазикот е од Господа. Сите дела на смирениот му изгледаат дека се исправни, но Господ ги мери душите. Предај ги делата свои на Господа, и твоите намери ќе се исполнат. Господ направи сѐ со определена цел, и за нечесниот – злочест ден. Секој горделив по срце е одвратност пред Господа: можеш да потврдиш, дека тој нема да остане неказнет. Почетокот на добриот пат е – да се врши правда; тоа е поугодно пред Бога, отколку да се принесуваат жртви. Кој Го бара Господа, ќе најде знаење со правда; оние што навистина Го бараат, ќе најдат мир. Со милосрдност и правда грев се исчистува, и со страв Господов зло се отстранува. Кој го бара Господа – тој добива разумност и праведност. Кој што бара правда – тој ќе добие спокој. Сите дела Господови се добри, а нечесниот – лош ден го очекува. Во устата на царот има вдахновено слово; неговата уста не смее да греши на суд. Точните мерила и тасовите се од Господа; од него се и сите точни мерки. Незаконско дела е одвратно за царевите, зашто со правда престолот се зајакнува. Спреведлива уста на царот му е пријатна, и Господ го сака оној, што ја кажува вистината. Царевиот гнев е гласник на смртта; но мудар човек ќе го смилостиви царот. Во светлиот поглед на царот има живот, и неговото благоволение е облак со задоцнет дожд. Да се здобиеш со мудрост е многу подобро, отколку со злато, и да се здобиеш со разум е повеќе за претпочитување отколку одбрано сребро. Патот на праведните е отстранување од злото: патиштата на праведните водат кон долг живот; кои примаат поука – добрини ќе видат, а кои примаат прекори – помудри ќе бидат; кој ги пази своите патишта – душата своја ќе ја запази; кој го сака животот свој – тој внимава што зборува. Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање – надуеноста. Подобро е да се смируваш во духот со кротки, отколку да делиш грабеж со горделиви. Кој ја води разумно работата своја, добро ќе најде, и кој се надева на Господа, блажен е. Мудрите по срце, разумни ќе ги наречат, и слаткиот збор го зголемува знаењето. Разумот за оние, што го имаат, е извор на животот, а ученоста на безумниот е зло. Срцето на мудриот го прави јазикот негов мудар, разумнот се пројавува и во устата негова. Пријатни зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити. Има патишта, кои на човекот му изгледаат прави, но крајот им е пат кон смртта. Кој се труди, се труди за себеси, зашто кон тоа устата го упатува; подмолниот во својата уста ја носи својата пропаст. Лукав човек зло на себеси прави, во устата своја – оган разгорува. Подмолен човек сее раздор, и клеветник пријатели разделува. Насилник човек го мами својот ближен и го води кон лош пат; замижува со очите, за да измисли подмолност: прекасувајќи си ги усните, извршува зло; тој е оган од злоба. Староста е венец на славата, таа води по патот на правдата. Долготрпеливиот е подобар од храбриот, и кој владее со себеси, подобар е и од завојувачот на градови. Жреб се фрла во скут, но сѐ што решава тој, од Господа е. Подобро сув залак и со него мир, отколку куќа полна со заклан добиток, но во раздор. Разумен слуга господари над развратник и со браќата ќе го подели наследството. Топилницата е за сребро, печката – за злато, а срцата Господ ги испитува. Лош човек се вслушува во беззакона уста; праведникот лажлива уста не слуша. Кој се подбива со сиромав, Создателот Му го навредува; кој се радува на зло, нема да остане неказнет, а милосрдниот ќе биде помилуван. Синовите на синовите се венец на старите, а слава за децата се родителите ниви. Во верникот има огромно богатство, а во неверниот нема ни пара. На безумен умен збор не му прилега, уште повеќе на големец – лажлива уста. Дарот е скапоцен камен во очите на оној што го има: каде и да се сврти ќе успее. Кој ги покрива престапите, бара љубов, а кој одново напомнува за нив, оддалечува дури и пријател. Врз разумниот посилно дејствува прекорот, безумниот – и кога го бијат не чувствува. Будалиот бара само зло, затоа жесток ангел ќе биде испратен против него. Подобро човек на сретне мечка, чии мечиња се грабнати, отколку безумен во неговото безумство. Кој враќа зло за добро, злото нема да ја напушти куќата негова. Почеток на караницата е како кога водна брана се отвара: отстапи од караницата пред да се разгори. Кој оправдува нечесен и кој обвинува праведен – и обајцата се одвратност пред Господа. Што ќе му се пари во рацете на безумен? За да купи мудрост, но тој нема разум. Кој си прави висока куќа, бара да се сотре, а кој се остранува од учењето, запаѓа во беда. Пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на неволја. Малоумен човек дава рака и се залага за ближниот свој. Кој сака караници, го сака гревот, и кој високо ја издига вратата своја, бара да падне. Подмолно срце нема да најде добро, и лукав јазик ќе западне во беда. За таткото на безумен нема радост, а разумниот син ја весели својата мајка. Веселото срце е како лек благотворно, а паднатиот дух коски суши. Не се прави патиштата на нечесните што земаат подароци; нечесните го искривуваат патот на правосудието. Мудроста е пред лицето на разумниот, а очите на безумниот се на крајот од земјата. Безумен син е мака за таткото и огорчување за мајката. Не е добро да го казнуваш правиот, ниту кнезовите да го бијат оној што исправно работи. Разумниот е воздржан во зборовите свои, трпеливиот е подобар од оној што бара знаење. И безумниот кога молчи за мудар го сметаат, и кој ја затвара устата своја – за разумен го сметаат. Тврдоглавиот се управува според своите желби и станува против сѐ што е умно. Безумниот не сака знаење; него глупоста го води. Со доаѓањето на нечесниот доаѓа и презирот, а со прекорот – доаѓа и срамот Зборовите на човечката уста се длабоки води; тоа е река од изворот на животот. Не е добдро да бидеше лицемерен кон нечесниот, за да го собориш праведниот во судот. Устата на безумниот води кон кавга, а зборовите негови предизвикуваат смрт. Јазикот на безумниот е погибел за него, а усните негови се стапица за душата негова. Сравот го соборува мрзливиот, а мажите со души слични на жени ќе гладуваат. Зборовите на клеветникот се како слатки, и тие вегуваат внатре во утробата. Немарниот во работата своја е брат на расипникот. Името на Господа е цврста кула: ако во неа побегне праведник, во безопасност е. Имотот на богат човек е како силен град и во мислите му е како висока ограда. Пред паѓање срцето на човекот се возгордува, а смиреноста оди пред славата. Кој дава одговор пред да ислуша, безумен е, тоа е срам за него. Духот на човекот го поткрепува во немоќ, а скршен дух – кој може да поткрепи? Срцето на разумнитот се здобива со знаење, и увото на мудрите бара знаење. Подарокот, што го дава човекот, му отвора пат и до големците го доведува. Првиот по тужбата си е прав, но доаѓа противникот негов и го порекнува. Жребот прекинува расправии и решава спор меѓу силните. Кога брат, братот свој го помага, тоа е силен град, а тој е како силна тврдина. Од плодот на устата на човекот се полни стомакот негов; од плодовите на устата своја тој се наситува. Смртта и животот му се потчинети на јазикот, и оние што го владеат, ќе вкусат од плодовите негови. Кој нашол добра жена, нашол добро и добил благодат од Господа. Кој избркува добра жена, го брка доброто, а кој поддржува прељубница, безумен е и нечесен. Сиромавиот говори со молба, а богатиот одговара остро. Кој сака да има пријатели, и сам треба да биде дружељубив; зашто има пријатели поприврзани од брат. Подобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку богат со лажлива уста, притоа и глупав. Не ѝ е добро на душата без знаење; а кој брза со нозете, се сопнува. Глупоста на човекот му го искривува патот негов, а срцето негово негодува против Господа. Богатството собира многу пријатели, а сиромавиот го напушта и пријателот негов. Лажниот сведок нема да остане неказнет, и кој говори лага, нема да се спаси. Мнозина им се умилкуваат на големците, и секој му е пријател на човекот, кој дава подароци. Сиромавиот го мразат сите негови браќа, а уште повеќе се оддалечуваат од него пријателите: трчка по нив, за да проговори – но нив ги нема. Кој се здобива со разум, ја сака душата своја; кој ја пази мудроста, наоѓа добро. Лажниот сведок нема да остане неказнет, а кој говори лага ќе загине. На безумниот не му прилега раскош, уште помалку на слуга – да господари над кнезови. Благоразумноста го прави човекот бавен на гнев, и за него е чест да биде снисходлив кон грешките. Гневот на царот е како лавовско рикање, а љубовта негова – како роса по трева. Безумен син е пропаст за татка си, и жена кавгаџика е како незапирлива капка од стреа. Куќата и имотот се наследуваат од родителите, а разумна жена е дар од Господа. Мрзливоста тоне во сон, е немарна душа трпи глад. Кој пази заповед, ја запазува душата своја, а кој не се грижи за своите патишта, ќе загине. Кој прави добро на сиромав, заем Му дава на Господа, и Он ќе му плати за неговата добрина. Казни го сина си, додека има надеж, и не се возбудувај од викањето негово. Гневниот нека трпи казна, зашто ако го пожалиш, ќе треба да го казниш уште повеќе. Слушај го, синко, советот на таткото твој, за да станеш потоа мудар. Во срцето на човекот има многу мисли, но се извршува само определената од Господа. Радост за човека е неговата милостиња; сиромавиот е подобар праведник од лажливиот богаташ. Стравот Господен води кон живот, и кој го има, секогаш ќе биде задоволен, и зло нема да го снајде. Мрзливиот ја крие раката во пазувата своја и не сака да ја подигне до устата своја. Ако го казниш оној што се потсмева, и простиот ќе стане разумен; и ако му укажеш на разумниот, тој ќе ја разбере поуката. Кој го упропастува татка си и ја набркува мајка си, син е бесрамен и нечесен. Немој, синко, да слушаш совети што те отстрануваат од зборовите на разумни. Лукавиот сведок се потсмева со судот, и устата на беззакониците голта неправда. Готови се судовите за невоздржливи, и ударите за телото на безумните. Виното е потсмевка, ракијата – бунтовник; и секој, кој им е потчинет, не е разумен. Заплашувањето од царот е како лавовско рикање: кој го дразни, греши против себеси. Чест е за човекот да се воздржи од кавга; а секој неразумен се вплеткува во неа. Мрзливиот од укори не се срамува, не се срамува ни оној, кој позајмува жито за време на жетва. Помислите во срцето на човекот се длабоки води, но разумен човек ги исцрпува. Мнозина го фалат човекот за милосрдноста негова, но кој наоѓа вистински човек? Праведникот оди по својата непорочност: блажени се децата негови по него. Кога цар праведен седи на престол, нему не му се противи никакво зло. Кој може да каже: »Го очистив срцето свое, чист сум од гревот свој?« Нееднакви терзии, нееднаква мерка, – и едното и другото се одвратност пред Господа. Дури и дете може да се познае по работите негови: чисто ли ќе биде и правилно ли ќе биде поведението негово? Уво, кое слуша, и око, кое гледа, – и едното и другото Господ го создал. Не љуби да спиеш, за да не осиромашиш; држи ги отворени очите свои, и ќе јадеш леб до наситување. »Лошо е, лошо е,« вели купувачот, а кога ќе одмине, тогаш се фали. Има злато и многу скапоцени камења, но разумната уста е поскапоцена од сѐ. Земи ја облеката негова, бидејќи се заложил за туѓ човек; и за туѓинка земи залог од него. Леб, спечален со неправда, му се засладува на човека; но подоцна – устата негова со песок се наполнува. намерите добиваат цврстина преку советување: и по советувањето водат војна. Кој оди да оговара, открива тајна, и кој широко ја отвора устата своја, со него не се здружувај. Кој зборува лошо за татка си и мајка си, зениците на очите негови ќе згаснат среде длабока темнина. Наследство, што се добива уште во почетокот, набрзина, нема да биде благословено отпосле. Не вели: »Ќе му се одмаздам на непријателот«, туку остави на Господа, Он ќе ти помогне. Двојни мерки се одвратност пред Господа; и неточни мерки не се добри пред Господа. Стапките на човекот се определуваат од Господа; тогаш, како човекот може да го дознае патот свој? Стапица е за човекот набрзина да вети жртва, а по жртвата да се кае. Мудар цар ги распознава нечесните и го свртува врз нив тркалото. Господово светло е човечкиот дух, кој ги испитува сите длабочини на срцето. Милоста и вистината го запазуваат царот, и со милост тој го одржува престолот свој. Слава за младите е нивната сила, а украс за старците – е нивната бела коса. Раните од борбата се лек против злото, исто така и ударите, што стигнуваат до внатрешноста на утробата. Срцето на царот е во раката на Господа, како водните потоци: Он го насочува, каде што ќе посака. Сите патишта на човекот се прави пред очите негови; но Господ ги мери срцата. Да ја пазиш правдата и правосудието Му е поугодно на Господа, отколку крвта од жртвите. Горделивите очи и надуеното срце се светило на грешник, а тоа е грев. Мислите на трудољубивите се стремат кон изобилие, а секој што пребрзува трпи немаштија. Богатство добиено со лажлив јазик е суета, која брзо одминува кај оние што ја бараат смртта. Насилството на нечесните ќе се струполи врз нив, зашто се откажале да го прават она што е добро. Крив е патот на развратниот човек; а на чистиот постапките му се прави. Подобро е да живееш во агол под покривот, отколку во заедничка куќа, а со жена кавгаџика. Душата на нечесниот сака зло: во неговите очи нема да најде милост ни пријателот негов. Кога го казнуваат подбивачот, простиот станува мудар; и кога мудриот го вразумуваат, тој се здобива со знаење. Праведниот го набљудува срцето на нечесниот: гледа како нечесните паѓаат во грев. Кој ги покрива ушите свои пред пискотот на сиромавиот за да не го слуша, и тој самиот ќе пишти, – и нема да го чујат. Таен подарок го стивнува гневот, а дар под рака – и жестоката јарост. Да го пази правосудието е радост за праведникот и страв за оние, што вршат зло. Човек кој скршнал од патот на разумнот, ќе се насели во собранието на мртвите. Кој сака веселби, ќе осиромаши, а кој сака вино и мрс, нема да се збогати. Нечесниот ќе биде откуп за праведниот, и лукавиот – за простодушниот. Подобро да живееш во пуста земја, отколку со жена лута и кавгаџика. Скапоцени добра и елеј има во куќата на мудриот, а безумниот човек ги растура. Кој ја пази правдата и милоста, ќе најде живот, правда и слава. Мудриот влегува во градот на силните и ја соборува силата, на која се надевале нечесните. Кој ја чува устата своја и јазикот свој, ја чува душата своја од зло. На дрскиот силник – името му е потсмевач – дејствува со прекумерна дрскост. Гладот мрзливиот го убива, зашто рацете негови откажуваат да работат. тој секој ден гладува, а праведниот дава и не му е жал. Жртвата на нечесните е одвратност пред Господа, зашто ја принесуваат со лукавство. Лажниот сведок ќе загине, а човек, кој говори она што знае, ќе говори секогаш. Нечесниот човек има дрско лице, а праведниот право оди по патот свој. Нема мудрост, нема разум, нема совет – против Господа. Коњот го подготвуваат за денот на битката, но победата е од Господа. Подобро е добро име, отколку големо богатство, и подобро е добра слава, отколку сребро и злато. Богатиот и сиромавиот се среќаваат еден со друг; и едниот и другиот ги создал Господ. Умниот го гледа злото и се клони; а безумните одат напред и се казнуваат. Плодови на мудроста се: стравот Господен, богатството, славата и животот. По патот на подмолниот – трње и стапици: кој ја пази душата своја, ќе бега од нив. Поучи го момчето го почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари. Богатиот господари над сиромавиот, и должникот станува роб на заемодавецот. Кој сее неправда, ќе пожнее зло, и прачката на гневот негов ќе го удри него самиот, Господ го сака човекот, што доброволно дава, и ќе го пополни недостигот не делата негови. Милосрдниот ќе биде благословен, што им дава на бедните од лебот свој. Кој дава подароци, печали победа и чест, и дури овладува со душите на оние, што ги добиваат. Истерај го подбивачот, и раздорот ќе изчезне, ќе престанат кавгата и навредите. Господ љуби чисто срце, Нему Му се пријатни оние, што одат по прави патишта; со устата своја управува царот над народот свој. Очите на Господа го чуваат знаењето, а зборовите на престапникот Он ги презира. Мрзливиот вели: »Лав на улицата! На патот има разбојници!« Устите на законопрестапниците се длабока бездна: на кого Господ ќе се разгневи, тој ќе падне во неа. Пред лошите се појавува лош пат, но тие продолжуваат да одат по него, Безумието на детето му е приврзано за срцето, но прачката ќе го отстрани далеку од него. Кој ограбува сиромав, за да го умножи богатството свое, и кој му дава на богатиот, – ќе осиромаши. Наклони го увото и слушај ги зборовите на мудрите, и сврти го срцето кон моите зборови, за да разбереш дека се добри. Зашто ќе се радуваш, ако ги пазиш во срцето свое, и ако ти бидат исто така во устата твоја. За да биде твојата надеж во Господа, јас ти го покажувам патот твој. А ти сега запиши ги трипати, советите и поуките во срцето свое; јас те поучив на зборовите вистински и добри, ти одговарам, точно на сите твои прашања. Не ограбувај сиромав, зашто тој е сиромав, и не притеснувај страдалник при портите, – оти Господ ќе се застапи за нив, и ќе ја истргне душата на грабачите нивни. Не дружи со гневлив и не оди со човек жесток, за да не се навикнеш на нивни патишта и да не навлечеш стапица на душата своја. Не биди од оние, што даваат рака и се заложуваат за туѓи долгови: ако нема со што да платиш, зошто да ти ја земат постелата под тебе? Не преместувај стари меѓи, кои твоите татковци ги поставиле. Си видел ли вешт и искусен човек во својата работа? Тој ќе стои пред цареви, нема да стои пред прости. Кога ќе седнеш да јадеш со силен, гледај добро што има пред тебе, и постави ограда на грлото свое, ако си лаком. Не се занесувај од вкусните гозби негови: тие се примамлива храна. Ако си сиромав, не настојувај да трупаш богатство; бегај од таквите мисли. Ќе ги устремиш очите кон него, о – веќе го нема: тоа ќе си направи крилја и како орел ќе летне кон небото. Не јади леб кај завидлив човек и не се занесувај од вкусните гозби негови; зашто какви му се мислите во душата негова, таков е и тој; »јади и пиј« ти вели, но срцето негово не е со тебе. Залакот, што си го изел, ќе го изблуеш, и убавите зборови свои напразно ќе ги потрошиш. Во ушите на безумниот не зборувај, зашто тој ќе ги презре разумните зборови твои. Не преместувај стара меѓа и во нива на сираци не влегувај; зашто нивниот Заштитник е силен; Он ќе се замеша во делото нивно против тебе. Управи го срцето свое кон учење и ушите свои – кон умни зборови. Не оставај го детето без казна: ако го казниш со прачка, тоа нема да умре; Ќе го казниш со прачка, и ќе ја спасиш душата негова од пеколот. Синко, ако твоето срце биде мудро, и моето срце ќе се радува; ќе се радуваат и моите внатрешности, кога твојата уста говори право. Срцето твое нека не им завидува на грешниците, туку биди во сите дни свои во стравот Господов; зашто има иднина, а твојата надеж не е загубена. Слушај, синко, и биди мудар и управувај го срцето свое по прав пат. Не биди меѓу оние, што се опиваат со вино, меѓу оние, што се презаситуваат со месо, – зашто пијаницата, и блудникот и оној што се прејадува, ќе осиромашат, а сонливоста ќе ги облече во партали. Слушај го, синко татка си свој: тој те родил; не ја занемарувај мајка си кога таа ќе остарее. Купувај вистина и не продавај мудрост, учење и разум. Праведниот добро го воспитува синот свој; на умниот свој син, му се радува тој. Нека ти се радуваат татко ти и мајка ти, нека се радува онаа која те родила. Синко, дај ми го мене срцето и очите твои да ги гледаат патиштата мои, – зашто блудницата е длабока пропаст, и туѓа жена – тесен кладенец; таа како разбојник ги пречекува и ги умножува престапниците на законот меѓу луѓето. На некого – ах, на некого – ох, на некого – кавга, на некого жал, на некого рани без причина, на некого зацрвенети очи? На оние, што заседнуваат околу вино, кои одат да бараат вино со ароми. не го гледај виното како се црвенее, какви се искрите во чашата, како убаво се лее; отпосле тоа ќе касне како змија и ќе жилне како отровница; очите твои ќе гледаат туѓи жени, и срцето твое ќе почне да говори развратно; и ти ќе бидеш како заспан среде море и како задреман на врв на јарбол, па ќе речеш: »Ме биеја, не ме болеше; ме туркаа, не чувствував. Кога ќе се разбудам, пак ќе го барам истото.« Синко, не завидувај им на лошите луѓе, и не посакувај да бидеш со нив, зашто срцето нивно насилство намислува, и устите нивни за лошо зборуваат. Со мудрост куќа се изградува и со разум се зацврстува, а со умешност нејзините простории се исполнуваат со секакви скапоцености и добра. Мудриот човек е подобар од силниот, а разумниот – од оној што има голем имот. Затоа со обмислување се води војна, а успех ќе има со многу советувања. Пред вратите на мудрите има мудрост и добра мисла; мудрите не се оддалечуваат од законот на Господа. Кој мисли да направи зло, ќе го наречат лош човек. Безумниот умира во гревови; нечистотата негова го убива. Ако во злочест ден си се покажал слаб, скудна ти е силата. Спасувај ги оние што ги водат на смрт, и оние што сакаат да ги убијат, не откажувај се од нив. Ако кажеш: ‚ете, ние не го знаевме тоа?‘ А Оној, Кој ги испитува срцата, зар не знае? Оној, Кој бдее над душата твоја, го знае тоа и ќе му даде на човекот според делата негови. Јади, синко, мед, затоа што е пријатен, и јади восочен мед, кој е сладок за грлото твое: такво е за душата твоја и познавањето на мудроста. Ако си ја нашол, имаш иднина, а твојата надеж нема да те остави. Не помислувај зло, безбожниче, против живеалиштето на праведниот, не опустошувај го местото на спокојство негово, зашто седумпати ќе падне праведник – и пак ќе стане; а падне ли нечесен, тој изнемогнува во злото. Немој да се радуваш, кога непријателот твој ќе падне, и срцето твое да не се весели, кога тој ќе се сопне. Инаку, Господ ќе види, и тоа пред очите Негови нема да биде угодно, и Он ќе го оттргне од него гневот Свој. Не лути се поради зломисленици и не завидувај им на безбожниците, зашто лошиот нема потомство; и светилото не нечесните ќе згасне. Бој се, синко, од Господа и до царот; не востанувај ни против едниот ни против другиот, оти неочекувано ќе дојде казната од нив, – а кој е тој што ќе ја предосети пропаста до нив двајцата? Кажано е од мудрите: не е добро во судот да има пристрастност. Кој му вели на виновниот: ‚прав си‘, него народите ќе го проколнуваат, него племињата ќе го мразат; а кои разобличуваат, ќе бидат сакани, и врз нив ќе дојде благословот. Во устата бакнува оној, кој изговара зборови чесни. Уреди ги работите надвор од куќата, сврши ги на нивата своја, а потоа гради го домот свој. Не сведочи лажно против ближниот свој: зошто да лажеш со устата своја? Не вели: ‚Како ми направи тој мене, така и јас ќе му направам нему: ќе му се одмаздам за навредата што ми ја нанесе.‘ Минував покрај нивата на мрзлив човек и покрај лозје на малоумен човек: и ете, сѐ беше обраснато со трње, нивата беше покриена со коприва, а камената ограда негова беше урната. И погледнав, го устремив срцето свое, погледнав и поука извлеков: ‚малку ќе поспиеш, малку ќе задремеш, малку со скрстени раце, ќе полежиш – и сиромаштијата ќе ти дојде како брзоодец, и немаштијата твоја – како вооружен човек.‘ И ова се мудри изреки Соломонови, што ги собраа луѓето на јудејскиот цар Езекија. Слава за Бога е да ја вообликува секога работа со тајна, а слава за царевите е да ги истражуваат работите. Како небото во висините и земјата во длабочините, така и срцето на царевите е неиспитливо. Оддели ја смесата од среброто, и истата ќе биде работа на златарот; оддалечи го неправедниот од царот, и престолот негов ќе се зацврсти со правда. Не се кревај на големо пред лицето на царот и не седнувај на местото на големците; зашто подобро е кога ќе ти кажат: »дојде тука погоре«, отколку кога ќе те понизат пред кнезот, кога го виделе очите твои. Она што го виделе твоите очи не брзај да го изнесеш во обвинение, зашто, што ќе правиш на крајот, кога твојот противник ќе те посрами? Суди се со противникот, но туѓи тајни не откривај, за да не те прекори оној, што ќе го чуе тоа, и тогаш нечесноста твоја нема да избега од тебе. Љубовта и дружбата ослободуваат: запази ги за себеси, за да не станеш достоен за навредување; запази си ги патиштата свои добро уредени. Умесно кажаниот збор е како златно јаболко во сребрена кошничка. Мудриот разобличувач за внимателно уво е како златна обетка и украс од чисто злато. Како ладен снег во време на жетва, така е верен оној пратеник, што се испраќа: тој му донесува утеха за душата на својот господар. Како облаците и ветровите без дожд, таков е човекот, кој се фали со лажливи подароци. Во долготрпеливота е успехот на царевите, а мек јазик коски крши. Ако најдеш мед, само јади, колку што ти треба за да не се прејадеш и да не го повратиш. Не оди често во куќата на пријателот свој, за да не му додеваш и да не те намрази. Она што е чеканот, мечот и острата стрела, таков е човекот, кој што сведочи лажно против ближниот свој. Она што е скршен заб и крива нога, таква е надежта на безнадежниот во злочест ден. Она што е оној, кој соблекува облека во студен ден, она што е оцет на рана, таков е оној, кој песни пее на натажено срце. Како што молец ја повредува облеката и црвот – дрвото, така жалоста го повредува човековото срце. Ако непријателот твој е гладен, нахрани го со леб; и ако е жеден, напој го со вода; зашто, правејќи го тоа, ти натрупуваш жар врз главата негова, и Господ ќе ти воздаде. Северниот ветер дожд донесува, а таен јазик – незадоволни лица. Подобро да живееш во агол на покривот, отколку со жена кавгаџика во широка куќа. Она што е студената вода за измачената душа од жед, тоа е добрата вест од далечна страна. Она што е заматен извор и растурен кладенец, тоа е праведниот кој паѓа пред нечесниот. Како што не е добро да се јаде многу мед, така не е добро и да лакомиш за слава што не е слава. Она што е разрушен град, без ѕидови, таков е човекот, кој не владее со духот свој. Како снег во летно време и дожд во време на жетва, така и честа не му прилега на безумниот. како врапче што ќе фркне, како ластовица што ќе одлета, – така и незаслужена клетва нема да се збидне. Камшик – за коњ, узда – за осел, а стап – за безумните. Не му одговаран на безумниот според глупоста негова, за да не станеш и ти сличен на него; но одговори му на безумниот против глупоста негова, за да не помисли оти е мудар. Кој усно порачува на безумен, тој ги потсекува нозете свои, трпи непријатност. Како што криват нозете на куциот, така и расказот куца во устата на безумните. Она што е оној што клава во праќка скапоцен камен, таков е и оној, кој му прави чест на безумен. Она што е трнлива гранка во раката на пијаница, тоа е и зборот во устата на безумните. Силниот сѐ врши по своја волја: и глупавиот го дарува, и секој минувач го наградува. Како што кучето се враќа на изблуеното, така и безумниот ја повторува својата глупост. Ако си видел човек, кој што се смета за мудар, тогаш повеќе надевај се на безумен, отколку на него. Кога го испраќаат мрзливиот на пат, тој вели: »ѕвер е на патот, лав има на плоштадот!« Вратата се врти на куките свои, а мрзливиот – на леглото свое. Мрзливиот ја крие раката своја во пазувата, и тешко му е да ја принесе до устата своја. Мрзливиот се смета за помудар од седуммина, кои смислено одговараат. Кој, минувајќи, се замешува во туѓа караница, фаќа куче за уши. Како што разгневениот фрла оган, стрели и смрт, таков е и човекот, кој подмолно го оштетува пријателот свој и потоа вели: »Јас само се пошегував.« Кога нема веќе дрва, огнот згаснува, и кога нема клеветник, раздорот стивнува. Јагленот е за жар, а дрвата – за оган, кавгаџијата, пак – кавга да разгорува. Зборовите на оговарачот се како слатки и влегуваат внатре во утробата. Она што е глинен сад, глеѓосан со сребро, такви се пламените усти и злобното срце. Со устата своја непријателот се преправа, а во срцето подмолност крие; кога говори дури и со нежен глас, не верувај му, зашто во срцето негово има седум одвратности. Ако омразата негова се прикрива насамо, злобата негова ќе се открие во собранието народно. Кој копа јама, ќе падне во неа, и кој тркала камен угоре, врз него ќе се врати. Лажливиот јазик ги мрази оние, што ги сопира, и устата ласкава подготвува пропаст. Не се фали со утрешниот ден, зашто не знаеш, што ќе роди тој ден. Нека те фали друг, е не устата твоја, – туѓ, а не јазикот твој. Тежок е каменот, тешка е и песокта; но гневот на безумниот е потежок и од едното – и од другото. Лут е гневот, нескротлива е јароста; но кој ќе издржи против зависта? Подобро отворено разобличување, отколку сокриена љубов. Искрени се ударите од оној, кој сака, а лажливи се бакнежите од оној, кој мрази. Сита душа го гази и восочниот мед, а на гладна душе сѐ што е горчливо – слатко ѝ е. Она што е птица, која го напушта гнездото свое, тоа е човек, кој го напуштил местото свое. Мирисот од елеј и темјанот го радуваат срцето; така сладок му станува на секого пријателот со неговиот срдечен совет. Не напуштај го пријателот свој, ниту пријателот на таткото твој, и не му оди на братот во куќата негова во денот на неволјата твоја; подобро сосед во близина, отколку брат надалеку. Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, – и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети. Умниот го гледа злото и се клони од него; а неискусните одат напред и биваат казнувани. Земи му ја облеката, зашто се заложил за туѓинец; и за туѓинката земи од него залог. Кој многу го фали пријателот свој од рано утро, ќе го сметаат за клеветник. Непрестајно капење од стреа во дождлив ден и жена кавгаџика се едно исто: кој сака да ја задржи, задржува ветар, а таа се појавува како миризлив елеј во десницата. Железо железо остри, и човек го изострува погледот на пријателот свој. Кој сади смоква, ќе ги јаде плодовите нејзини, и кој го чува господарот свој, ќе биде почитуван. Како што е во водата лице спроти лице, така е и срцето на човека спроти човек. Пеколот и бездната не можат да се наситат: така се ненаситни и очите човечки. Одвратен пред Господа е оној, кој дрско ги крева очите, и неразумни се, оние што имаат невоздржлив јазик. Она што е топилницата за среброто и печката за злато, тоа се за човекот устите, што го фалат. Срцето на беззаконикот бара зло, а правото срце бара знаења. Безумниот да го толчиш со железо во дибек заедно со зрната, – безумието нема да се оддели од него. Добро надгледувај го добитокот свој, води грижа за стадата свои; зашто богатството не е вечно, пак и власта – зар сѐ е од род во род? Тревата никнува, и зеленило се јавува, па се собираат билки горски, Тогаш овците треба да ти бидат тебе за облека, и козите – за купување ниви; Ќе имаш доволно козјо млеко за тебе и за твоите домашни за храна и на твоите слуги за исхрана. Нечесниот бега, кога никој не го гони; а праведниот е смел како лав. Кога земјата ќе отстапи од законот, тогаш во неа има многу началници; а при разумен и вешт маж управата е долговечна. Човекот сиромав што врши зло на слабите и исто како излеан дожд, од кој полза нема. Отстапниците од законот ги фалат нечесните, а оние што Го бараат Господа, негодуваат против нив. Лошите луѓе не ја разбираат справедливоста, а оние, што го бараат Господа, разбираат сѐ. Подобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку оној, што ги искривува своите патишта, макар и да е богат. Кој го пази законот, е разумен син, а кој се дружи со расипници, го срами татка си. Кој го умножува имотот свој преку нечесност и лихва, тој го собира за добротворецот на сиромасите. Кој го отстранува увото свое да не го слуша законот, на таквиот и молитвата му е одвратна. Кој ги упатува праведните кон патот на злото, сам ќе падне во јамата своја, а непорочните ќе наследат добро. Богатиот човек се смета за мудрец, меѓутоа, умен сиромав ќе го разобличи. Кога праведници победуваат, голема е славата, но кога нечесните се издигаат, луѓе гинат. Кој ги крие престапите свои, нема да напредува; а кој се освестува и ги остава, ќе биде помилуван. Блажен е оној човек, кој секогаш се бои; а кој го ожесточува срцето свое, ќе падне во неволја. Лав што рика и мечка гладна, тоа е нечесниот властодржец над беден народ. Неразумен управител врши многу угнетувања, а кој го мрази користољубието, ќе има долги дни. Човекот, виновен за пролевање на човечка крв, бега до гроб, за да не го фати некој. Казнувај го синот твој, и ќе те засака: ќе ја весели твојата душа; нема нечесните да ги слуша. Кој оди непорочно, ќе биде неповреден; а кој оди по криви патишта, ќе падне на еден од нив. Кој си ја обработува земјата, ќе се наситува со леб, а кој е мрзлив и не работи, ќе се насити со сиромаштија. Верен човек ќе биде многу благословуван, а кој бара да се збогати, не останува без казна. Не е добро кога некој не се срамува од праведните: таков човек и за парче леб ќе изврши неправда. Завидлив човек брза кон богатството и не мисли, дека сиромаштијата ќе го стигне. Кој разобличува човек, отпосле ќе најде поголема благонаклоност, отколку оној, што му ласка со јазикот. Кој го краде татка си и мајка си и вели: »тоа не е грев« тој им е соучесник на грабителите. Гордиот се надева на себеси, безумен е; а кој постапува мудро, ќе биде спасен. Кој се надева на себеси, безумен е; а кој постапува мудро, ќе биде спасен. Кој дава на сиромав, нема да осиромаши; а кој ги крие очите од него, ќе биде проколнуван. Кога нечесните се издигаат, луѓето се кријат, а кога паѓаат, праведниците се умножуваат. Човек, кој, бидејќи разобличуван, останува тврдоглав, неочекувано ќе биде скршен, и ќе нема за него лек. Кога праведниците се умножуваат, народот се весели, а кога нечесниот господари, народот офка. Човек, кој ја сака мудроста, го радува татка си; а кој се дружи со блудници, имотот го растура. Царот со правда ја зајакнува земјата своја, а кој љуби подароци, ја расипува. Човек кој му ласка на пријателот, поставува стапица за нозете негови. Гревот на лошиот човек е стапица за него, а праведникот ќе се весели и ќе се радува. Праведниот грижливо вникнува во маката на бедните, а нечесниот не се интересира за тоа. Развратните луѓе го бунтуваат градот, а мудрите го смируваат гневот. Умен човек, кога се суди со безумен човек, се лути ли, или се смее, – нема мир. Крвожедните луѓе го мразат непорочниот, а праведните се грижат за неговиот живот. Безумниот го излива сиот свој гнев, а мудриот се воздржува. Ако управителот слуша лажни зборови, тогаш и сите негови поданици се нечесни. Сиромавиот и зајмодавецот се среќаваат еден со друг; но Господ им дава и на двајцата светлина во очите. Ако царот им суди на сиромасите по правда, престолот негов ќе се зајакне засекогаш. Пратот и прекорот даваат мудрост; но момче, оставено без грижа, ги посрамува своите родители. Кога се умножуваат нечесните, се умножува беззаконието; но праведните ќе го видат нивното паѓање. Казнувај го синот свој, и тој ќе ти даде мир и ќе ѝ донесе радост на душата твоја. Без откровение одозгора народот е нескротлив, а кој го пази законот, блажен е. Лошиот човек со зборови нема да се научи, зашто, и да ги разбира, не ги слуша. Ако си видел човек брз и недомислен во зборовите свои, повеќе надевај се на безумен, отколку на него. Ако ласкаво држиш слуга од детството, подоцна ќе посака да ти стане син. Гневлив човек подига бунтови, а избувливиот многу греши. Гордоста на човека го понизува, а смирениот по дух ќе се здобие со чест. Кој дели со крадец, ја мрази душата своја; и слуша клетви, но не ги соопштува. Оние што се плашат и срамуваат од луѓето, ќе се сопнат; а кој се надева на Господа, ќе се развесели; нечесноста води кон соблазна, а кој се надева на Господа, тој ќе се спаси. Мнозина го бараат благосклоното лице на управителот, но правдата на човека е од Господа. Неправеден човек е одвратен за праведниците, а одвратност за нечесниот е оној што оди по прав пат. Зборовите на Агура, син Јакеов, од Маса; негово пророштво, кажано на Итила, за Итила и Укала. Навистина, јас сум понеук од кого и да било меѓу луѓето, и во мене нема разум човечки, Бог ме научи на премудрост и ја разбрав разумноста на светиите. Кој се искачил на небото и слегол оттаму? Кој собрал ветар во пазувата своја? Кој врзал вода на наметката своја? Кој ги поставил сите краишта на земјата? Како му е името? И кое е името на синот негов? Знаеш ли? Секој збор од Бога е чист; Он му е штит на оној, што се надева на Него. Не додавај кон зборовите Негови, за да не те разобличи, и да не излезеш лажливец. За две работи те молам; не ми откажувај пред да умрам: суетата и лагата оддалечи ги од мене, сиромаштија и богатство не ми давај, – храни ме со насушниот леб, та, откако ќе се пренаситам, да не се откажам од Тебе и да кажам: »Кој е Господ« и, откако ќе осиромашам, за да не почнам да крадам и да го употребува името на мојот Бог напразно. Не клевети го слугата пред господарот негов, за да не те проколне, и ти да останеш виновен. Лошото чедо високо ги држи очите свои, и толку се кренати клепките негови! Лошото чедо се смета за чисто, а не е измиено од нечистотиите свои. Лошото чедо високо ги држи очите свои, и толку се кренати клепките негови! Лошото чедо има заби како мечеви, а катниците негови се како ножеви, за да ги изедува сиромасите по земјата и немоќните меѓу луѓето. Пијавицата има две ќерки кои велат »Дај, дај!« Има три работи ненаситни и четири што не велат »Доволно.« Тое се: пеколот и утробата неплодна, земјата, која не се наситува со вода, и огнот, кој не вели: »доста!« Око, кое му се потсмева на татка си и не сака да се покорува на мајка си, кое ќе биде исколвано од долински гаврани и од орлови пилци изедено! Тие работи се недостижни за мене, а четвртата, не ја ни разбирам: патиштата на орелот по небото, ползењето на змијата по карпите, патеките на коработ среде море и патот на маж во младоста негова. Таков е патот и на жена прељубница: се најала и ја избришала устата своја, па вели: »ништо лошо не сум направила.« Од три работи се тресе земјата, а четвртата не може да ја поднесе: од слуга, кога ќе стане цар; од безумен, кога до наситување ќе се најаде со храна, од распуштена жена, кога ќе се омажи, и од слугинка, кога го зазема местото на господарката своја. Има четири мали животни на земјата, но тие се помудри и од мудреците: мравките – во кои нема сила, но лете сепак си ја приготвуваат храната; јазовците – иако слаби животни, но ги прават куќите свои во камен; скакулците, кои немаат цар, но излегуваат во војна сите во редови; пајакот, кој со раце се лови, но се наоѓа и во царските палати. Еве три, коишто убаво чекорат, и четвриот, кој свечено настапува: лавот, најсилен меѓу ѕверовите, кој нема да се врати и да се исплаши од никого; и петелот кој надуено шета меѓу кокошките; како царот меѓу својот народ. Ако гордоста те тера на безумни дела и си намислил зло, стави ја раката на устата своја. Зашто, како кога се бие млеко, се добива масло, кога ќе се удри носот, потечува крв, така и кога се предизвикува гнев, произлегува кавга. Зборовите на царот Лемуил, со кои го поучила неговата мајка. Што, што сине на утробата моја? Тебе ти говорам, сине мој, првенец, чедо на моите молитви. Не им го давај на жени татковството свое, ниту патиштата на оние од нив, кои цареви погубуваат. Светувај се пред на направиш нешто. Не е за царевите, Лемуиле, не е за царевите вино да пијат, ниту за кнезови – сикер, за да не го заборават, откако ќе се опијат, законот и да ја искривуваат правдината на угнетените. Дајте му сикре на оној што е ожалостен; вино нека пијат оние што се болни. нека пивне тој за да ја заборави сиромаштијата своја и да не ги чувствуваат веќе болките свои. Синко, отворај ја устата своја за слава Божја и на сите суди им по правда. Отворај ја устата своја и праведно суди, и заштитувај ги и сиромавиот и немоќниот. Кој ќе најде жена добродетелна? Таа е поскапа и од најскапоцените камења. Срцето на мажот нејзин е убедено во неа, тој нема да остане без добивка; таа ќе му прави добро на мажот свој, во сите дни од животот негов. Набавува волна и лен, и весело работи со рацете свои. Таа е како трговски кораб, – оддалеку си донесува храна. Таа станува уште преку ноќта и дава храна во куќата своја и им определува работа на слугинките свои. Ќе помисли ли за нива, ја купува; од плодот на рацете свои си насадува лозје. Ја препашува со сила половината своја и ги зацврстува мишките свои за работа. Таа гледа колку е добро што работи, и светилката нејзина не се гасне ноќе. Ги протега рацете кон фурката, и прстите нејзини се фаќаат за вретеното. Дланката своја му ја отвора на сиромав, и раката своја на оној, кој има нужда, му ја подава. Не се плаши од студ за челадта своја, зашто сета челад нејзина е облечена во двојни алишта. Таа си ткае покривачи; он висон и пурпур е нејзината облека. Мажот нејзин е познат кај портите, кога седи со старешините на земјата. Таа работи покривки и ги продава, на Финикијците и појаси на Хананејците. Здравје и убавина е нејзината облека, и весело гледа на иднината. Со мудрост ја отвора устата своја, и кротка поука има на јазикот нејзин. Го надгледува домаќинството свое и не јаде леб во леност. Стануваат децата и ја ублажуваат, – мажот, и тој ја фали: »многу жени добродетелни имало, многу од нив стекнале богатство и сила, но ти ги надмина сите.« Миловидноста е примамлива и убавината – суетна; но жена, која се плаши од Господа, е достојна за пофалба. Дајте ѝ од плодовите на нејзините раце, и нека се прославува при мажот нејзин, при градските порти! Зборови на проповедникот, син Давидов, цар ерусалимски. Суета над суетите, вели проповедникот, суета над суетите – сѐ е суета! Каква е користа за човекот од сите негови трудови, со кои се труди под сонцето? Род еден си заминува, и род друг доаѓа, а замјата си постои секогаш. Сонцето изгрева и заоѓа, и пак брза кон местото свое, од каде што изгрева. Ветрот вее кон југ и се врти кон север, се врти, се врти во својот пат и пак ги почнува своите вртења во круг. Сите реки течат во морето, но морето не се преполнува: тие одново се враќаат кон она место, од каде што потекуваат, за да течат пак. Секоја работа бара труд: човекот не може сѐ да искаже; окото не се наситува од гледање, ниту увото може да се наслуша. Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето. Иако за нешто се рече: »Види, ете, тоа е ново«; но тоа веќе било во текот на вековите, што биле пред нас. Нема спомен за минатото; па и за тоа, што ќе биде подоцна. Јас, проповедник, бев цар над Израилот во Ерусалим; и го управив срцето свое да истражувам и да испитува преку мудроста сѐ, што станува под небото; таа тешка задача им ја даде Бог на синовите човечки, за да се занимаваат со неа. Ги видов сите работи, што се вршат под сонцето, и ете – сѐ е суета и мака за духот. Кривото не може да се исправи, и она, што го нема не може да се брои. Си велев во срцето свое: »Еве, јас се воздигнав и се здобив со мудрост повеќе од сите, што беа пред мене над Ерусалим, и срцето мое виде многу мудрост и знаење.« И го упарвив срцето свое да ја познае мудроста, да ги познае безумието и глупоста; но разбрав, оти и тоа е мачно за духот; зашто при големата мудрост големо е и страдањето, и кој умножува знаење, умножува и мака. Си реков во срцето свое: »Ајде ќе те испитам со веселба: уживај во наслади!« Но ете, и тоа беше суета! На смевот му реков – лудуваш, и на веселбата – што правиш? Си помислив во срцето свое да го насладам телото свое со вино и, додека срцето мое се води по мудроста, да се придржувам и за глупоста сѐ додека да видам, што е подобро за синовите човечки, што би требало да прават тие под небото во текот на малкуте денови на својот живот. Презедов големи работи: си изградив куќи, си насадив лозја, си уредив градини и садници и посадив таму секакви овошни дрвја; си направив водостои за поливање на ливадите, во кои растат дрвјата; придобив слуги и слугинки, имав и слуги родени во домот мој; имав и крупен и ситен добиток, повеќе од сите, што беа пред мене во Ерусалим; насобрав сребро и залто и скапоцености од цареви и области; си доведов пеачи и пеачки и тоа, што ги насладува синовите човечки. И така станав јас поголем и побогат од сите, што беа пред мене во Ерусалим; а и мудроста моја остана со мене. Што и да посакаа очите мои, не им откажував, не му забравував на срцето свое никаква веселба, бидејќи срцето мое се радуваше со сите мои трудови; и тоа ми беше дел од сите мои трудови. И се обѕрнав, та погледнав на сите мои дела, што ги беа извршиле моите раце, и на трудот, со кој се бев трудел, извршувајќи ги: и ете – сѐ беше суета и мака за духот, и немаше од нив полза под сонцето! Потоа се свртив да ги погледам мудроста, безумството и глупоста: што може да направи човек по царот, посебно од она, што е веќе направено? И видов, дека предимството на мудроста пред глупоста е токму такво, какво што е предимството на светлината пред темнината: на мудриот очите му се во главата негова, а глупавиот оди во темнина; но дознав, дека крајот на сите им е еднаков. Тогаш си реков во срцето свое: »И мене ќе ме стигне истото, како и глупавиот; Зошто толку многу сакав да станам мудар?« Па си реков во срцето свое дека и тоа е суета. Зашто нема да го помнат мудриот вечно, како и глупавиот; по време сѐ ќе се заборави, и, мудриот умира, како и безумниот. Тогаш го намразив животот, бидејќи ми станаа одвратни работите, што се вршат под сонцето; зашто сѐ е суета и измачување на духот. И го намразив сето она, за кое се бев трудел под сонцето, затоа што треба да го оставам на човек, што ќе дојде по мене. И кој знае: мудар ли ќе биде тој или глупав? А тој ќе располага со сиот мој труд, со кој сум се трудел и со кој сум се покажал мудар под сонцето. Но и тоа е суета! Намислив да му внушнам на срцето свое да се откаже од сиот труд, со кој се бев трудел под сонцето, зашто еден човек се труди мудро, со знаење и со успех, и сето тоа треба да му го предаде на човек, што не се трудел за тоа, – како да е негов дел. Па и тоа е суета и зло големо! Оти, што му останува на човекот од сиот негов труд и од грижата на срцето негово, што се труди под сонцето? Бидејќи сите денови му се мачни, а трудивите негови – неспокојство; дури и ноќе срцето негово не знае за мир. Ете, и тоа е суета! И не е ли добро за човекот да јаде, да пие и да ја насладува душата своја од својот труд. Но јас видов, оти и тоа е од Божјата рака; зашто, кој може да јаде, и кој може да се насладува без Бога? Он му дава мудрост, и разум и радост на човека, кој е добар пред лицето Негово; а на грешникот му дава грижи, – да собира и трупа, за да го предаде потоа на оној, кој е добар пред лицето Божјо! Па, ете, и тоа е суета и мака за духот! Сѐ има свое време, и секоја работа под небото има свое време; време кога ќе се родиш, и време кога ќе умреш; време кога садиш, и време кога го корнеш насаденото; време кога се убива, и време кога се лекува; време кога се урива, и време кога се гради; време кога се плаче, и време кога се смее; време кога се тагува, и време кога се игра; време кога се расфрлуваат камења, и време кога се собраат камења; време кога се прегрнуваш, и време кога се одбегнуваат прегратки; време кога се добива, и време кога се губи; време кога се чува, и време кога се растура; време кога се раскинува, и време кога се сошива; време кога се молчи, и време кога се зборува; време кога се сака, и време кога се мрази; време за војна и време за мир. Каква полза има оној што работи од она, над што се труди? Ги видов работите, што Бог им ги даде на синовите човечки, за да се мачат околу нив. Сето она што Он го направил да биде прекрасно во свое време, и го вложи во срцата нивни, но да не може човекот да ги разбере докрај делата Божји што Он ги врши од почетокот до крајот. Разбрав, дека за нив нема ништо подобро, освен да се веселат и да прават добро во текот на животот свој. Кога секој човек јаде и пие, и го гледа доброто во секој свој труд, тоа е дар Божји. Разбрав, оти сѐ, што прави Господ, останува засекогаш; кон тоа нема што да се додава, од тоа нема што да се одзема; а Бог прави така, за да се бојат пред лицето Негово. Она што било, тоа е и сега, и она што ќе биде, тоа веќе било, – зашто Бог го враќа она што изминало. И уште видов под сонцето: место закон, а таму беззаконие; место правда, а таму неправда. И си реков во срцето свое: »Праведниот и нечесниот Бог ќе ги суди, бидејќи таму има време за секоја работа и суд за секое дело.« Си реков во срцето свое и за синовите човечки – дека Бог ќе ги испита, и Ќе им покаже оти тие сами по себе се животни, зашто сѐ што се случува со синовите човечки, се случува и со животните; крајот им е ист: како умираат едните, така умираат и другите, и едно е дишењето кај сите, и човекот нема предимство пред добитокот, зашто – сѐ е суета! Сѐ оди на едно место: сѐ произлегува од земјата, и сѐ ќе се врати во земјата. Кој знае: дали духот на синовите човечки се качува горе, а духот на животните слегува долу, во земјата? И така, јас видов оти нема ништо подобро за човекот, освен да се насладува со делата свои, бидејќи тоа е негов дел; зашто, кој ќе го доведе после да го погледа она, што ќе биде по него? Се свртив и ги видов сите неправди, што стануваат под сонцето; и ете, солзите на она онеправданите, а утешител немаат силата е во рацете на клеветниците, а закрилник нема. Па си реков: блазе им на умрените, што умреле одамна, отколку на живите, што живеат досега; а поблажен е и од едните и од другите оној, што уште не постои, кој не ги видел лошите работи, што се вршат под сонцето. А видов исто, дека секој труд и секој успех во работите предизвикува меѓу луѓето заемна завист. Но и тоа е суета и мака за духот. Глупавиот седи со скрстени раци и го гризе своето сопствено тело. Подобро една рака во мир, отколку две со труд и мака во духот. Се свртив и видов друга суета под сонцето: човек осамен, нема друг; нема ни син, ни брат, а пак на сите работи негови крај нема, и очите негови не можат да се наситат со богатство. »За кого, пак, – вели тој – се трудам и ја лишувам од добра душата своја?« – Ете, и тоа е суета и лоша работа. Подобро им е на двајца, отколку на еден, бидејќи имаат добра награда за трудот свој. Зашто, ако паден едниот, другиот ќе го крене другарот свој. Но тешко на еден, ако падне, ќе нема друг, кој да го крене. Исто, кога лежат двајца, топло им е; а еден – како ќе се згрее? И, ако некој го надвие едниот, тоа двајца ќе го навасаат, и јажето, трипати усукано, нема лесно да се скине. Подобар е младич сиромав и умен, отколку цар – неразумен и стар, кој веќе не умее да прима совети; зашто младичот може да излезе од темница и да стане цар, иако се родил сиромав во царството. Ги видов сите живи, што одат под сонцето, се потпираат на младич што ќе го наследи неговото место. Број немаше сиот оној народ, што беше пред него, иако подоцнежните нема да му се радуваат. И тоа е суета и мака во духот. Чувај ја ногата своја, кога одиш во Божјиот дом, и биди готов повеќе да слушаш, отколку да гледаш како безумните принесуваат жртви; зашто тие не знаат, оти вршат зло. Не брзај со јазикот свој, и срцето твое да не брза да изговара зборови пред Господа; зашто Бог е на небото, а ти на земјата; затоа зборовите твои да не бидат многу. Зашто, како што соништата доаѓаат при многу грижи, така и гласот на безумниот се познава од многуте зборови. Кога даваш завет на Бога, не двоуми се да го извршиш, зашто Он не ги сака безумните: она што си ветил изврши го. Подобро е и да не ветуваш, отколку да ветиш и да не го извршиш. Не ѝ дозволувај на устата своја да го тера во грев телото твое и не говори пред Ангелот Божји: »Тое е грешка!« зошто ти е да правиш така, и Бог да се разгневи на зборот твој и да го сотре делото на рацете твои? Зашто, како во многуте соништа, така и во многуте зборови има суета; но затоа бој се од Бога. Ако видиш некаде на сиромав да се врши неправда и да му се одзема судот на правдата, не се чуди на тоа: зашто над високиот гледа повисок, а над нив – уште повисок; но од сѐ покорисна е земјата; и царот на нивата ѝ служи. Кој го љуби среброто, со сребро нема да се насити, и кој сака богатство, тој нема да има корист од тоа. И тоа е суета! Се зголемува ли имотот – се зголемуваат и потребите негови; и каква корист за сопственикот негов: зар само да гледа со очите свои? Сладок е сонот за оној, кој се труди, – па јадел тој малку или многу; но прејадувањето не му дава на богатиот да заспие. Има едно тешко зло, што сум го видел под сонцето: богатство, што се чува за зло на оној, чие е. А тоа богатство може да се изгуби во негодно време, па на синот што го родил да не му остане ништо во рацете негови. Како што излегол гол од мајчината утроба, така и си заминува, каков што дошол; ништо нема да земе од трудот свој, што би можел в рака да понесе. Големо зло е тоа што оди како што дошол. Каква е, тогаш, ползата за него, кога се трудел залудо? А тој во текот на целиот живот јадел во темно, и многу се грижел, ожалостувал и јадосувал. Еве уште што најдов за добро и пријатно: да јаде и да пие и да се насладува од доброто на сите свои трудови, со кои се труди под сонцето преку сите дни од животот свој, што му ги дал Бог; зашто тоа е негов дел. И, ако на некој човек Бог му дал богатство, и имот и му дал да се ползува од нив, да го зема својот дел и да се насладува од трудовите свои, – тоа е Божји дар. Нема долго време да ги помни тој дните на животот свој; затоа Бог и го наградува со радоста на срцето. Има едно зло, што го видов под сонцето, и често е меѓу луѓето: Бог му дава на човекот богатство, имот и слава, и за душата негова нема скудности во ништо, шти и да посака; но Бог не му дава нему да се ползува од тоа, туку се ползува од него друг човек: тоа е суета и тешко зло! Ако некој изнароди сто синови, проживее многу години и уште му се зголемат дните на животот негов, а душата негова не се насладила на добро, та за него ќе нема дури ни погреб, подобро му е, велам, на недоносенче отколку нему, зашто залудо дошле и отишле во темнина, и името му е покриено со мрак. Тоа дури и не го видело и не го познало сонцето: но поспокојно е од оној. А оној, макар и да проживеал и две илјади години, без наслада од добрата, нема ли да појде сѐ на исто место? Сиот труд на човекот е за устата негова, но душата негова не може да се насити. А каква предност има умниот пред безумниот, каква – сиромавиот, кој умее да се однесува пред луѓето? Подобро е да гледаш со очи, отколку да посакуваш со душата. И тоа е суета и мака за духот. Она што постои, тоа е веќе наречено со име, и се знае, дека е тоа – човекот, и дека тој не може да се препира со оној, што е посилен од него. Има многу такви работи, што ја зголемуваат суетата: тогаш што е за човекот подобро? Зашто, кој знае што е добро за човекот во животот, во текот на сите дни на неговиот суетен живот, што тој ги поминува како сенка? И кој ќе му каже на човекот, што ќе стане по него под сонцето? Подобро е добар глас, отколку скапоцен елеј, и смртниот ден – од родениот ден. Подобро е да одиш во куќа каде што плачат по умрен, отколку да отидеш во куќа, каде што се гоштева, зашто таков е крајот на секој човек, и животот ќе го приложи тоа кон срцето свое. Тагата е подобра од смеата; зашто, кога е лицето нажалено, срцето станува подобро. на умните срцето им е во куќата, каде што плачат, а на безумните во куќа, каде што се веселат. Подобро е да слушаш прекор од мудар, отколку да слушаш песни на безумен; зашто смеата на безумните е како прскање на трње под котел. И тоа е суета! Клеветењето го избезумува мудриот, а подароците го расипуваат срцето. Крајот на една работа е подобар од почетокот нејзин; трпеливиот е подобар од горделивиот. Не станувај со духот свој брз на гнев, зашто гневот почива во пазувите на безумните. Не вели: »Зошто поранешните дни биле подобри од сегашните?«, оти не е мудро да прашуваш за тоа. Добра е мудроста, како и наследството, особено за оние, што го гледаат сонцето, зашто под нејзината сенка е исто, како под сенката на сребро; но предимството на знаење е тоа, што мудроста му дава живот на оној, што ја има. Погледај ги Божјите дела: кој може да го исправи она, што Бог го направил криво? Во добро време ползувај се со доброто, а во зли дни размислувај: едното и другото го направил Бог, за да не може човекот да каже ништо против Него. Се нагледав на сѐ во моите суетни дни: праведниот загинува во својата праведност; нечесниот живее долго во нечесноста своја. не бивај строг и немој да се покажуваш за многу умен, за да не се избезумиш. Не се предавај на грев и не станувај жесток; зошто да умреш предвреме? Добро е, ако се држиш за едното но и друго да не испушташ од раката своја; зашто, кој се бои од Бога, ќе се избави од сето тоа. Мудроста го крепи мудриот повеќе од десет кнезови што се во градот. Нема праведник на земјата, кој прави добро и никако да не греши; затоа не обрнувај внимание на секој збор, што се кажува, за да не го чуеш и слугата свој, кога те навредува; зашто срцето твое знае многу работи, кога и ти самиот си навредувал други. Сето тоа го испитав со мудрост; јас реков: »Ќе бидам мудар«, но мудроста е далеку од мене. А она што е така далеку и многу длабоко: кој ќе го испита? Се свртив со срцето свое, за да ги дознаам, изучам и истражам мудроста и разумот, и да го познаам безумието на нечестивиот, и жестокоста и лукавството, и најдов, дека погорчливо до смртта е жената, зашто таа е мрежа, срцето нејзино – стапица, рацете нејзини – окови; добриот пред Бога ќе се спаси од неа, а грешникот ќе биде уловен од неа. »Ете, тоа најдов јас – рече Проповедникот – испитувајќи едно по друго.« Што уште бараше душата моја, и не го најде? – Маж најдов еден на илјада, но жена меѓу сите нив не најдов. Само, ете, тоа го најдов, дека Бог го направил човекот добар, но луѓето се впуштаат во многу мудрувања. Кој е како мудриот, и кој го разбира значењето на работите? Мудроста на човека му го просветлува лицето негово, и строгоста на лицето негово се изменува. Јас ти велам: пази го царскиот збор, и тоа – поради клетвата пред Бога. Не брзај да бегаш од лицето негово и не биди тврдоглав во лошите работи; зашто, тој што ќе посака, се може да направи. Каде што е зборот на царот, таму е и власта; и кој ќе му каже: »Што правиш?« Кој пази заповед, тој не доживува никакво зло: срцето на мудриот знае и време и наредба; зашто за секоја работа има свое време и свој суд; а човека го обвинува неговото недело, зашто не знае, што ќе биде и како ќе биде тоа – кој ќе му каже? Ниеден човек нема власт над духот, за да го подржи духот, и нема власт над смртниот ден, нема избавување во таа работа, ни нечесноста нема да го спаси нечесниот. Сето тоа го видов, и го свртувам срцето свое кон секоја работа, што се врши под сонцето. Понекогаш човекот господари над човек на своја штета. Видов тогаш како погребуваат нечесни, и оние што доаѓаа од своето место беа пофалени во градот, што така постапија. И тоа е суета! Бидејќи не се врши суд над лоши работи, затоа не се плаши срцето на синовите човечки од прави зло. Иако некој грешник врши стопати зло, судот му се одолжува; но јас знам, дека ќе им биде добро само на оние, што се бојат од Бога, кои имаат страв пред лицето Негово; а за нечесниот нема да има добро, и како сенка, само кратко време, ќе преуспее оној, кој не се плаши пред Бога. Има и таква суета на земјата: праведните ги постигнува она, што би ги заслужиле делата на нечесните, а со нечесните станува она, што би го заслужиле делата на праведните. А јас си реков: и тоа е суета! И ја пофалив јас веселбата; зашто нема подобро за човекот под сонцето, освен да јаде, да пие и да се весели: тоа го придружува човекот во трудовите негови преку дните на животот негов, што му го дал Бог под сонцето. Кога го управив срцето свое кон тоа, да постигнам мудрост и да ги разгледам работите, што се вршат на земјата, така што на човекот да не му доаѓа сон ни дење ни ноќе, – тогаш ги видов сите дела Божји и најдов, оти човекот не може да ги сфати работите, што се вршат под сонцето. Колку и да се труди човекот да ги испитува, пак нема да го постигне тоа. И сево ова го ставив во срцето свое, за да испитам, дека праведниците и мудреците и нивните дела се во рацете Божји, и дека човекот не знае ни за љубов, ни за омраза во сето тоа, што е пред него. За секој и за сите е едно: една судбина за праведен и неправеден, за добар и лош, за чист и нечист, како и оној кој принесува жртви и за оној кој не принесува; како и за добар, така и за грешник; како и за оној што се колне, така и за оној што се бои од клетва. Токму тоа е најлошо од сѐ, што се врши под сонцето, дека еден е крајот за сите, па затоа срцето на синовите човечки е полно со зло, и безумие има во срцето нивно додека се живи; а потоа тие умираат. Кој е меѓу живите, има уште надеж, бидејќи и куче живо е подобро, отколку мртов лав. Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот, и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што станува под сонцето. И така, оди, јади го радосно лебот свој и пиј го со радосно срце виното свое, што Бог има наклоност кон твоите дела. Во секое време облеката да ти биде светла, и секогаш да има елеј на главата твоја. Во сите дни на својот суетен живот насладувај се од животот заедно со жената, која ја сакаш, и кој ти ја дал Бог под сонцето за сите твои суетни дни; зашто, тоа е твој дел во животот и во твоите трудови, со кое се трудиш под сонцето. Сѐ, што може да врши раката твоја, според силите свои, врши; зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост. И пак видов под сонцето дека на брзите не им е до трчање, ниту на храбрите до борба, ниту на мудрите до леб, ниту на разумните – богатство, ниту на искусните благонаклоност, но времето и прликите им помагаат на сите нив. Зашто човекот не си го знае времето. Како што рибите налетуваат во погубна мрежа, и како што птиците се заплеткуваат во примки, така и синовите човечки се уловуваат во тешко време, кога тоа неочекувано ќе дојде за нив. Еве уште каква мудрост видов под сонцето, и таа ми се причини голема: мал град и во него малку луѓе; дојде против него голем цар, го опколи и почна против него да прави голем окопи; но во него се најде човек сиромав, но умен, и тој со својата мудрост го спаси тој град; и при сето тоа никој не се сети за тој сиромав. И јас си реков: мудроста е подобра од силата, и при сето тоа што мудроста на сиромавиот се пренебрегнува, и зборовите негови не се слушаат. Зборовите на мудреци, искажани спокојно, се ислушуваат подобро, отколку викањето на оној што заповеда. Мудроста е подобра од воено оружје; но оној којшто ќе згреши, расипува многу добри работи. Мртвите муви го расипуваат и го усмрдуваат благопријатното масло на мироварец: истото го прави една мала глупост на уважуван човек за неговата мудрост и чест. Срцето на мудриот е десно, а срцето на глупавиот – лево. По каков и да било пат да оди глупавиот, кај него секогаш недостига смисла, и пред секого тој ќе се покажува дека е безумен. Ако гневот на оној што владее избувне врз тебе, не напуштај го местото свое, зашто кроткоста избришува и големи грешки. Има зло што сум го видел под сонцето, како грешка што доаѓа од владетелот; неукоста се поставува на голема височина, а богатите седат ниско. Сум видел слуги на коњи, а кнезови да одат пешки како слуги. Кој копа јама, сам ќе падне во неа, и кој соборува ограда, змија ќе го касне. Кој крева камења, може да се шине, и кој цепи дрва, може да се изложи на опасност од нив. Ако отапи секирата, и ако сечилото нејзино не биде наострено, ќе треба повеќе сила; мудроста знае тоа подобро да го направи. Ако змија казне пред да се улови, тогаш за оној што ја лови нема полза. Зборовите од уста на мудрец се благодат, а устата на безумниот самиот него го погубува: првите зборови од устата му се глупост, а крајот на речта на устата негова – лошо безумие. Глупавиот зборува многу, а човекот и не знае што ќе биде; та и кој ќе му каже, што ќе биде по него? Трудот на глупавиот го изморува, зашто не го знае дури ни патот за во градот. Тешко тебе, земјо, кога царот твој е дете, и кога кнезовите твои јадат рано! Блазе тебе, земјо, кога царот ти е од род благороден, и кнезовите твои јадат навреме, за поткрепа, а не за преситување! Од мрзливост ќе нависне таванот, и кога ќе се скрстат рацете, покривот ќе прокапе. Гоштевања се приредуваат заради наслада и виното го весели животот; а сѐ прави среброто. Дури и во мислите свои не го навредувај царот, и во спалната своја не го навредувај богатиот; зашто небесната птица може да го пренесе твојот збор, и сѐ што има крилја ќе го соопшти твојот збор. Пуштај го лебот свој по водите, зашто по многу дни пак ќе го најдеш. Давај дел на седум души, и дури на осум, зашто не знаеш, какво зло ќе настане на земјата. Кога ќе се наполнат облаците, излеваат дожд на земјата; и ако едно дрво падне кој југ или кон север, тоа си останува таму, каде што и паднало. Кој го набљудува ветрот, нема да сее, и кој гледа во облаците, нема да жнее. Како што не ги знаеш патиштата на ветрот, ниту како настануваат коските во утробата на бремена жена, така не можеш да ги знаеш ни делата на Бога, Кој создава сѐ. Изутрина сеј го семето и навечер нека ти мируваат рацете твои, зашто не знаеш, едното, или другото повеќе ќе успее, или едното и другото ќе бидат еднакво добри. Слатка е светлината, и пријатно е за очите да гледаш сонце. Ако човек проживее и многу години, нека се весели во текот на сите нив и нека си спомнува за темните дни, какви што ќе ги има многу: но сѐ што ќе биде, ќе биде суета! Весели се во младоста своја, момче, и срцето твое да вкусува радост во дните на твојата младост; и оди каде што срцето те влече и каде што очите ти гледаат; само знај, дека за сето тоа Бог ќе те изведе на суд. Гони ја скрбта од срцето свое и отстранувај го злото од телото свое, зашто детството и младоста се суета! И спомнувај си за твојот Творец во дните на младоста своја, додека не дошле тешки денови и не настанале години, за кои ќе речеш: »Не ми се мили;« додека сонцето и светлината на месечината и на ѕвездите не потемнеле, и не дошле пак црни облаци по дождот; додека не настапил оној ден, кога куќните стражари ќе затреперат, и силни мажи ќе се подгрбават, кога воденичките ќе престанат да мелат, бидејќи останале малку; кога ќе се помрачат оние, што гледаат низ прозорец; кога портата ќе почне да се затвора; кога ќе молкне шумот на оние што мелат, и кога човек ќе почне да станува на птичји глас, и ќерките – пеачки ќе замолкнат; кога висините за нив ќе бидат страшни, и по патот ќе има ужаси; кога ќе процути бадемот, и скакулецот ќе стане тежот, и желбата ќе помине; зашто човекот заменува во вечниот дом свој, и тажачките се готови да го опкружуваат по улица; додека не се скине конецот сребрен, и не се скрши златната чаша, и не се растури ведрото при изворот, и не падне тркалото на бунарот. И ќе се врати правот во земјата, како што си бил; а духот ќе се врати кај Бога, Кој го дал. Суета над суетите, вели проповедникот, сѐ е суета! Проповедникот не само што беше мудар, туку и го учеше народот на мудрост. Тој сѐ испитуваше, изучуваше и остави многу мудри паримии. Проповедникот се трудеше да најде убави изреки и точно ги запиша зборовите на вистината. Зборовите на мудреците се како острени, и како забиени клинци; зборовите на оние што ги напишаа, дадени се од единствениот Пастир. А освен сето тоа, синко, пази се и од ова: да пишуваш многу книги – тоа нема крај, а да читаш многу – и тоа е заморно за телото. А суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е за човекот; оти Бог ќе изведе на суд секоја работа и што е тајно, било да е добро или лошо. Да, сакам да ме целиваш со бакнежи на устата своја! Зашто твоите милувања се подобри од виното. Од пријатниот мирис на твоите масла името ти е како разлеано миро; затоа те сакаат момите. Поведи ме, да побрзаме; царот ме воведува во одаите свои, – ќе се восхитуваме и ќе се радуваме со тебе, ќе ги фалиме твоите милувања повеќе од вино. Навистина те сакаат! Ќерки ерусалимски, црна сум но сепак сум убава како шаторите кидарски, како Соломоновите завеси. Не гладајте ме оти сум црномурна, зашто сонцето ме подгорело: мајчините синови ѝ се налутија, ме поставија да ги чувам лозјата – но своето сопствено лозје не го зачував. Кажи ми ти, кого го сака душата моја: каде го пасеш стадото, каде пладнуваш? Зошто да бидам како скитник крај стадата околу твоите другари? Ако не го знаеш тоа, о, најубава меѓу жените, тогаш оди си по овците свои и паси ги јарињата покрај пастирските шатори. Ти си ми, драга моја, како кобилка во фараонова двоколка. Прекрасни се твоите образи под обетките, вратот твој – со ѓерданите; Ќе ти направам златни обетки со сребрени топчиња. Додека царот беше крај трпезата, народот мој го испушташе својот пријатен мирис. Смирнова китка е мојот возљубен: стои меѓу градите мои. Мојот возљубен ми е како кипарисов грозд во Енгедските лозја. О, убава си, мила моја, убава си! Имаш очи гулабови. О, убав си, мил мој, прекрасен си! И постелата наша се зеленее. Покривите на куќите ни се кедри, штиците наши – кипариси. Јас сум саронски нарцис, долински крин! Она што е кринот меѓу трњето, тоа е мојата возљубена меѓу момите. Она што е јаболкницата меѓу шумските дрвја, тоа е мојот возљубен меѓу момците. Посакав сенка нејзина, и седнав; плодовите нејзини се слатки за грлото мое. Тој ме воведе во куќата за гозба, и знамето негово над мене беше љубов. Поткрепете ме со сочни гроздови, освежете ме со јаболка, зашто сум болна од љубов. Левата рака негова ми е под главата, а со десната ме прегрнува. Ве заколнувам ќерки ерусалимски, во срните и во полските кошути: немојте да ја разбудувате и да ја вознемирувате возљубената, додека сама не посака. Гласот на мојот возљубен, еве, го: доаѓа, скока преку фиданките по горите, прескокнува преку ридовите. Мојот возљубен прилега на срна, на млад елен. Ете, стои зад ѕидот наш, погледнува низ прозорецот, ѕирка низ решетката. Мојот возљубен се огаси и ми рече: »Стани, мила моја, убавице моја, дојди! Еве, зимата веќе мина, дождот го снема, престана веќе, цвеќиња се појавија по земјата; настана време за кроење лози, и гласот на гугутката се слуша во земјата наша; смоквите ги отворија пупките свои, и расцутените лози пријатно мирисаат. Стани, мила моја, убавице моја, и дојди! Гулабице моја во карпест пролом, под камено засолниште, покажи ми го лицето свое, дај ми да го чујам гласот твој, зашто гласот ти е ѕвонлив, и лицето ти е прекрасно. Фатете ни ги лисиците, лисичињата, оти тие ги пустошат лозјата, а лозјата ни цутат.« Мојот возљубен е мој, јас, пак, сум – негова; тој го пасе стадото меѓу кринови. Додека денот не измине и сенките ги снема, врати се, мил мој, и биди како срна, како млад елен, по горите што не разделуваат. Ноќва во леглото мое го барав оној, кога го сака душата моја, го барав и не го најдов. Затоа ќе станам, ќе тргнам по градот, по улиците и плоштадите, и ќе го барам оној, кого душата моја го сака. Го барав, но не го најдов. Ме сретнаа стражарите, што го обиколуваат градот: »Дали го видовте – ги прашав – оној, кого душата моја го сака?« Но, штом ги одминав, го најдов оној, што го сака душата моја, се фатив за него цврсто и не го пуштив, додека не го одведов во куќата на мојата мајка и во одајата на родителката своја. Ве заколнувам, ќерки ерусалимски, во срните и полските кошути: немојте да ја разбудувате и да ја вознемирувате возљубената, додека сама не посака. Што е таа, која се издига од пустињата како столб од дим, што мириса на смирна и темјан, и на секакви пријатни мириси? Еве ја носилката – на Соломона: околу неа шеесет души јунаци меѓу јунаците Израилеви. Сите држат по еден меч и се вешти во борба; секој има меч на бедрото свое поради ноќниот страв. Носилка си направил царот Соломон од ливанско дрво; скалата ја направил од сребро, оградите нејзини се од злато, седиштето – порфир; внатрешноста со љубов ја украсиле ќерките ерусалимски. Излезете, ќерки сионски, и погледајте го цар Соломона со венецот, со кој го украсила мајката негова во денот на свадбата негова, во радосниот ден за срцето негово. О, убава си, љубов моја, убава си! Очите твои се гулабови под твојот превез; косата ти е како стадо кози, кога слегуваат од Галадската гора; забите твои – како стадо истрижени овци, кога излегуваат од капење, од кои секоја има по две јагниња, и без јагне нема ниедна; усните твои – како алова панделка, а устата твоја слаткоречива; твоите јаготки под превезот твој се како половинки од калинка; вратот ти е – како Давидовата кула, изградена за оружје: на неа висат илјадници штитови – сѐ штитови на јунаци; двете твои гради се како близначиња од млада срна, кои пасат меѓу кринови. Додека денот на залади, и не одминат сенките, ќе одам на смирновата гора и на темјановиот рид. Цела си убава, мила моја, и дамка нема на тебе! Слези со мене од Ливан, невесто, слези и дојди од Ливан, од врвот на Аман, од врвот на Сенир и Аермон, од лавовските пештери, од леопардовите гори! Ти го освои срцето мое, сестричке невесто, го плени срцето мое со еден поглед на очите свои и само со веришката на вратот свој. О, колку е слатка љубовта твоја сестричке невесто! Послатка е љубовта твоја од вино, и пријатниот мирис од твоите масла е попријатен од сите ароми. Од устата твоја капе восочен мед, невесто, мед и млеко под јазикот твој, и мирисот на облеката твоја е како мирис ливански! Затворена градина е мојата сестричка невеста, извор затворен, кладенец запечатен; твојот насад е градина од дрвја со вкусни плодови, кипар и нард, нард и шафран, трска и цимет со секакви пријатно – мирисни дрвја, смирна и алој со најубави ароми, ти си градински извор, кладенец од жива вода, што истечува од Ливан. Подигни се, ветре, од север, повеј и ти, ветре, од југ и повеј над градината моја, за да прострујат аромите нејзини! Нека дојде мојот возљубен во градината своја и нека касне од слатките плодови свои. Дојдов во градината своја, сестричке невесто, ја обрав смирната моја и мирисите мои, ги јадев медените питки со мојот мед, го пиев виното со моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситете се, мили мои! Спијам, но срцето мое е будно; ете го гласот на мојот возљубен, кој чука: »Отвори ми сестро, мила моја, гулабице моја, совршена моја, зашто главата моја е целата со роса покриена, и косата моја – со ноќна влага. Го соблеков хитонот свој, пак ли да го облекувам? Сум ги измил нозете свои, како да ги валкам?« Мојот возљубен ја протегна раката низ отворот, и срцето мое затрепери од него. Станав да му отворам на мојот возљубен; од рацете ми капеше смирна, од прстите мои пријатен мирис на смирна врз држката од клучалката. Му отворив на мојот возљубен, а мојот возљубен си беше отишол. Душата ми премре, додека тој говореше; го барав, но не го најдов; го викав, но не ми се јавуваше. Ме сретнаа стражарите, што го обиколуваа градот, ме натепаа, ме изнаранија; ми го симнаа превезот оние, што ги чуваа ѕидиштата. Ве заколнувам, ќерки ерусалимски! Ако го сретнете мојот возљубен, кажете му, дека изнемоштувам од љубов. Со што е твојот возљубен подобар од другите возљубени, о, најубава меѓу жените? Во што твојот возљубен е подобар од другите, па така нѐ заколнуваш? Мојот возљубен е бел и румен, избран меѓу десет илјади други; главата негова – чисто злато; кадрите негови – брановидни, црни како гавран; очите негови – како гулаби крај водни потоци, што се капат во млеко, што стојат задоволни; образите негови – ароматен цветник, леи со миризливи билки; усните негови – кринови од кои капе чиста смирна; рацете негови – златни валци, опсипани со топази; стомакот негов – како сад од слонова коска, обложен со сафири; нозете негови – мермерни столбови, поставени врз златни подлоги; изглед има како Ливан, величествен е како кедар; устата негова – сладост, и целиот тој е пожелен. Ете, кој е мојот возљубен, и ете, кој е пријателот мој, ќерки ерусалимски. Каде отиде твојот возљубен, о, најубава меѓу жените? Каде скришна твојот возљубен? Ние ќе го побараме со тебе. Мојот возљубен отиде во градината своја, во ароматните цветници, за да пасе во градината и да бере кринови. Јас му припаѓам на мојот возљубен, а мојот возљубен мене; тој пасе меѓу криновите. Убава си, мила моја, како Тирса, прекрасна – привлечна како Ерусалим, страшна како војска со знамиња. Тргни ги очите од мене, зашто ме збунуваат. Косата ти е како стадо кози, кога слегуваат од Галад; забите ти се како стадо овци, кога излегуваат од капење, од кое секоја е со по две јагниња, и јалова меѓу нив нема, твоите образи под превезот твој се како две половинки од калинка. Има шеесет царици, осумдесет наложници и безброј моми, но единствена е таа, гулабицата моја, совршената моја; единствена е таа на мајка си, избрана кај родителката своја. Ја видоа момите, и ја возвеличија, ја видоа и цариците возљубената, и ја пофалија. »Која е таа, што болска како зора, убава како месечина, светла како сонце, страшна како војска со знамиња?« Слегов во ореовата градина да погледнам зелена долина, да видам дали се развила лозата, дали процутеле калинките. Таму ќе ти ги дадам усните мои. Не знам, како душата да ме влече кон колите на големците од мојот народ. Сврти се, сврти се Суламко, сврти се, сврти се, да те погледаме! Зошто сакате да ја гледате Суламка, како на оро манаимско? О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита! Облите колкови твои се како веришки, дело од рацете на вешт уметник, папокот ти е како чаша тркалезна, никогаш без арома; утробата твоја – купа пченица, опкружена со кринови; двете твои гради – како две јаренца, како близначиња на срна; Вратот твој – како столб од слонова коска; очите твои – Есевонски езерца кај Ватравимските порти; носот твој – Ливанска кула, свртена кон Дамаск; главата твоја на тебе – како Кармил; а косата на главата твоја – како пурпур; цар се вплел во плетенките. О, колку си убава, о, колку заносна, возљубена моја, со твојата убавина! Таа твоја снага прилега на палма, а твоите гради – на гроздови. Си помислив: да се качев на палма, би се фатил за ветките нејзини; и твоите гради би биле место гроздови, и мирисот од твоите ноздри – како мирис на јаболко; устата твоја е како најдобро вино. Тоа тече право кон возљубениот мој, и тече нечујно преку устните кои спијат. Јас припаѓам на возљубениот мој, и тој копнее по мене. Дојди, мил мој, да излеземе во полето, да преноќеваме по селата; утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калинките; таму ќе те опсипам со милувања. Мандрагорите веќе шират пријатен мирис, и до вратата наша има секакви најубави плодови, нови и стари; кои ги зачував за тебе, мил мој! О, да ми беше брат мој, да беше хранет од градите на мајка ми! Тогаш, кога ќе те сретнев на улица, ќе сакав да те бакнам, и немаше да ме осудуваат. Би сакала да те поведам, сакав да те воведам во одајата на мајка ми, во онаа каде што ме одгледала. Ти ќе ме учеше, а јас, пак, ќе те поев со ароматно вино, со сок од моите калинки. Левата рака негова е под главата моја, а со десната ме прегрнува. Ве заколнувам, ќерки ерусалимски, зошто да ја разбудувате и зошто да ја вознемирувате возљубената, сѐ додека сама не посака?! Која е таа, што доаѓа од пустињата, потпирајќи се на својот возљубен? Те разбудив јас под јаболкницата: таму те родила мајка ти твоја, таму те добила твојата родителка. положи ме како печат на срцето свое, како печат на мишката своја, зашто љубовта е силна како смрт; љубомората – лута како пекол; стрелите нејзини се стрели огнени; огнен жар на нејзиниот пламен. Големата вода не може да ја угасне љубовта, и реки нема да ја потопат. Ако некој го дадеше сето богатство на својот дом за љубов, тој би бил отфрлен со презир. Имаме сестра, која е уште мала: уште нема гради; што ќе правиме со сестрата наша, ако дојдат по неа сватови? Да беше карпа, ќе изградевме врз неа и дворци од сребро; да беше врата, ќе ја обложевме со кедрови штици. Јас сум карпа и имам гради како кула; затоа во очите негови јас станав како онаа што нашла мир. Соломон имаше лозје во Ваал-Хамон; тој им го предаде тоа лозје на чувари; секој беше должен да даде за плодовите негови илјада сребреници. А моето лозје си е кај мене. Илјадата нека се за тебе, Соломоне, а двесте – за чуварите на плодовите негови. Жителко на градините, другарите го слушаат гласот твој. Дај и јас да го послушам. Побрзај мил мој, и биди како срна и како еленче по гори мирисни! Видение на Исаија, синот Амосов, кое го виде за Јудеја и Ерусалим, во деновите на јудејските цареви Озија, Јоатам, Ахаз и Езекија. Чујте, небеса, и слушај, земјо, зашто Господ вели: »Јас воспитав и подигнав синови, а тие се побунија против Мене. Волот го познава стопанот свој, и оселот – јаслите на господарот свој, а Израилот не Ме познава, Мојот народ не разбира.« Ах, народе грешен, народ претрупан со беззаконија, племе на злодејци и синови погубни! Го оставивте Господа, Го презревте Светецот Израилев, – се вративте назад. Каде уште да ве бијат вас, кои сѐ уште се противставувате? Целата глава ви е во рани, и целото срце ви е изнемоштено. Од главата до петите нема во тој народ здраво место, сињаци, гнојни рани, нечистени, непреврзани и неомекнати со елеј. Земјата ви е опустошена, градовите ви се изгорени со оган; нивите ваши пред ваши очи туѓинци ги јадат; и пустош е, како што запустуваат туѓинци. Остана ќерката Сионова како колиба во лозје, како сеница во градина, како опсаден град. Да не беше ни оставил Господ Саваот мал остаток, ќе бевме исто така како Содом, ќе заприлегавме на Гомор. Чујте го словото Господово, кнезови содомски, вслушај се во законот на нашиот Бог, народе гоморски! »Зашто ми се многуте ваши жртви – вели Господ. Презаситен сум од сепаленици на овни и од маснотија на згоен добиток; крв од телиња, од јагниња и јариња не сакам. Кога доаѓате да се јавите пред лицето Мое, кој ви бара да ги газите дворовите Мои? Не принесувајте веќе суетни жртви; кадењето е одвратно за Мене; новомесечија, саботи и празнични собранија не можам да трпам: беззаконие – и празнувања...? Душата Моја ги мрази вашите новомесечија и вашите празници: тие се товар за Мене, тешко Ми е да ги носам. И кога протегате раце, Јас ги кријам од вас очите Свои, а кога ги умножувате молбите свои, Јас не слушам: рацете ваши се полни со крв. Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица.« Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и како бакам, – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур, – како волна ќе станат бели. Ако Го барате и послушате, ќе ги јадете добрата земни; ако, пак, не сакате и се противставувате, меч ќе ве истреби, тоа го рече устата Господова. Како правичниот верен град Сион стана блудница? Во него царуваше правда, а сега престојуваат убијци. Среброто ти стана како згура, виното ти е со вода помешано; твоите кнезови се престапници на законот и соучесници на крадци; сите тие сакаат подароци и лакомат за награда; не заштитуваат сирак, и поплака на вдовица не стигнува до нив. Затоа вели Господ, Господ Саваот, Силниот Израилев: »О, ќе ја истурам јароста на противниците Свои и ќе им се одмаздам на непријателите Свои! и ќе ја свртам против тебе раката Своја и како во пепелница ќе ја исчистам од тебе смешата и ќе го одделам од тебе сѐ што е оловно; и пак ќе ти поставам судии, како порано, и советници како отпрвин; тогаш ќе говорат за тебе: град на правда, верна престолнина! Сион ќе се спаси преку праведен суд, и обратените негови – преку правдата; за сите отстапници и грешници – погибел, а оние, што го оставиле Господа, ќе бидат истребени. Тие ќе бидат посрамени заради младите шуми, толку многу сакани од вас, ќе црвенеат од срам заради градините што сте си ги избрале; зашто вие ќе бидете како дабот, чиј лист паднал и како градина, во која нема вода. И силниот ќе биде отпадок, а делото негово искра; ќе горат заедно, – и никој нема да ги угасне.« Слово, откриено во видението на Амосовиот син Исаија, за Јудеја и Ерусалим. И ете, во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините и ќе се возвиси над ридовите, ќе појдат кон неа сите народи. Ќе тргнат многу народи и ќе речат: »Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бога Јаковов; Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим – словото Господово.« И ќе им суди Он на народите и ќе изобличи многу племиња; ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои – во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна. О, доме Јаковов! Дојдете, ќе одиме во Господовата светлина. Но Ти го отфрли Својот народ, домот Јаковов, зашто тие примија многу од источните зла и маѓесници си имаат како Филистејците, и општат со синови на туѓинци. Се исполни земјата негова со злато и сребро, богатствата крај немаат; се исполни земјата негова со коњи, колите негови број немаат. Се исполни земјата негова со идоли: тие се поклонуваат на изработката од своите раце, на она што нивните прсти го направиле. Се поклонува ли човек, и се понижува ли маж – не простувај им. Влези во карпата и сокриј се во земјата од страв пред Господа и од славата на Неговото величие. Ничкум ќе паднат гордите погледи човечки, и она, што е високо кај луѓето, ќе се понизи; а само Господ ќе стои високо во тој ден. Зашто иде денот на Господа Саваот против сѐ што е гордо и надуено и против сѐ што е превознесено, – и тоа ќе биде понизено, – против сите кедри ливански, високи и величествени, и против сите дабови васански, против сите високи гори и против сите ритчиња што се издигаат, против секоја висока кула и против секоја цврста ѕидина, против сите тарсиски кораби и против сите нивни украси. И ќе падне човечкото величие, она што е високо кај луѓето ќе се понизи; само Господ ќе стои високо во тој ден, а идолите сосема ќе исчезнат. И ќе влезат луѓето во карпести пештери и во земни јами од страв пред Господа и од славата на неговото величие, кога ќе се крене Он да ја разруши земјата. Во тој ден човекот ќе ги фрли своите сребрени и своите златни идоли, што ги направил за да им се клања, за да влезе во камени процепи и во планински долови од страв пред Господа и од славата на Неговото величие, кога ќе се крене Он да ја разруши земјата. Престанете да се надевате на човек, чие дишење е во ноздрите негови, зашто – што знае тој? Ете, Господ, Господ Саваот ќе го одземе од Ерусалим и од Јуда жезалот и помошта, секоја поткрепа во леб и вода, храбар водач и војник, судија и пророк, јасновидец и старец, петдесетник и големец, советник, мудар уметник и вешт гатач. Ќе им дадам момчиња за началници, и деца ќе владеат над нив. А во народот еден ќе угнетува друг, и секој својот ближен; момче бесрамно ќе се прави голем пред старец и простак – пред големец. Тогаш човек ќе се фати за братот свој, во челадта на татка си свој и ќе рече: »Ти имаш облека, биди ми водач, и овие урнатини нека бидат под твоја рака.« А тој со клетва ќе рече: »Не можам да ги излекувам раните на народот; и во мојата куќа нема ни леб, ни облека: не правете ме водач на народот.« Така пропаднал Ерусалим, и падна Јуда, зашто јазикот нивни и делата нивни се против Господа, навредливи пред очите на Неговата слава. Изразот на лицето нивно сведочи против нив, а за гревот свој тие кажуваат отворено, како содомците, не кријат: тешко на душата нивна! Сами на себеси навлекуваат зло. Кажете му на праведникот: »Блазе му, зашто тој ќе ги јаде плодовите на делата свои; а на беззаконикот – тешко нему, оти ќе има отплата за делата на рацете свои. Притеснители на Мојот народ се децата, и жени владеат над него. Народе Мој, твоите водачи те доведуваат до заблуда и го растуриле патот, по кој одиш.« Се крена Господ на суд – и стои, за да им суди на народите. Господ влегува во суд со старешините на Својот народ и со неговите кнезови: вие го опустошивте лозјето; ограбеното од сиромасите е во вашите куќи. »Зошто го притеснувате народот Мој и ги угнетувате сиромасите?« вели Господ, Господ Саваот. Потоа рече Господ: »Поради тоа што ќерките сионски се гордеат и одат со исправени вратови, што освојуваат со погледите, и ситно одат и со веришки на нозете тропкаат.« Господ ќе го оголи темето на ќерките сионски, и ќе го открие срамот нивни; во оној ден Господ ќе ги одземе убавите веришки на нозете, секакви ѕвездички и месечинки, обетки, ѓердани и ладила, превези, гривни и појаси, стакленца со мириси и уметнички украси, прстење и алки за нос, горна облека и долна, шамичиња и торбички, светли тенки наметки, забратки и покривала. И наместо пријатен мирис ќе има смрад и место појас – јаже, место кадрени коси – ќелави глави, наместо широка наметка – тесно вреќиште, место убавина – жигосување. Мажите твои ќе паднат од меч, а јунаците твои во битка, и портите на престолнината ќе воздивнуваат и ќе плачат, а таа ќе седи напуштена на земјата. Во оној ден седум жени ќе се фатат за еден маж и ќе речат: »Свој леб ќе јадеме и своја облека ќе носиме, доста е само да се нарекуваме со твоето име, – симни го од нас срамот наш.« Во оној ден фиданката Господова ќе се јави во убавина и чест, а плодот на земјата – во величие и слава, за спасените синови Израилеви. Тогаш другите на Сион и измачените во Ерусалим – сите, запишани како да живеат во Ерусалим, ќе се нарекуваат свети, кога Господ ќе ја измие нечистотијата на ќерките сионски и ќе ја исчисти крвта на Ерусалим од средината негова со дух, кој суди и со дух, кој пали. И ќе направи Господ над секое место на Сион гора и над собранијата и дење облак и дим, а ноќе – блесок од пламнат оган; зашто слава ќе покрива сѐ. И ќе има шатор за сенка дење од припек и засолниште и заклон од лошо време. Ќе му ја запеам на мојот Возљубен Неговата песна за лозјето негово. Мојот Возљубен имаше лозје на врвот од плодороден рид; Тој го огради и го исчисти од камења, насади во него одбор од лозови прачки, изгради кула во средината негова, направи големи крбли; очекуваше да роди добро грозје, а тоа роди диво грозје. Па сега, жители ерусалимски и мажи Јудејци, пресудете меѓу Мене и Моето лозје. Што уште требаше да направам за Моето лозје и не го направив? Зошто, очекував принос од добро грозје, тоа даде диво грозје? Сега ќе ви кажам што ќе направам со лозјето Свое: ќе ја иставам оградата, и тоа ќе биде опустошено; ќе му ги разрушам ѕидиштата, и ќе биде газено: ќе го оставам да запусти: нема ни да го режат, ни да го копаат, – ќе обрасне во трње и боцки, ќе им заповедам на облаците да не истураат дожд врз него. Лозјето на Господа Саваот е домот Израилев, а луѓето на Јуда – Негова љубена градина. И чека Он правосудие, но ете – крвопролевање; чека правда, а ете – пискот. Тешко ви вам, што притурате куќа кон куќа, што присоединувате нива кон нива, така што за другите да не останува место, како да сте само вие населени на земјата! Во ушите мои – Господ Саваот рече: – тие многубројни домови ќе бидат пусти, тие големи и убави куќи ќе бидат без жители; десет дулуми лозје ќе дадат едно буре, а еден шиник посеано семе, одвај ќе донесе една ефа. Тешко им е на оние, кои од рано утро бараат сикер и до доцна вечер се згорештуваат со вино; на нивните гоштавки има и гитара, и гусле, и тимпани, и свирка и вино; а кон делата на Господа тие и не погледнуваат, ниту помислуваат за делата на Неговите раце. Затоа мојот народ ненадејно ќе отиде во ропство; неговите големци ќе гладуваат, богаташите негови ќе се мачат од жед. Затоа пеколот се раширил и без мерка ја отворил устата своја: таму ќе слезе нивната слава и нивното богатство, вревата нивна и сѐ што ги весели И ќе се раскае човекот, ќе се смири мажот, и очите на гордите ничкум ќе поникнат; а Господ Саваот се возвеличи во суд, светиот Бог ќе ја соопшти светоста Своја во правда. И овците ќе си пасат по волја, и туѓи ќе се хранат со оставените плодни пасишта на богатите. Тешко им на оние, што влечат по себе беззаконие со јажиња на суетноста и грев – како со колски ремења; кои велат: »Нека побрза Он и нека го забрза делото Свео, за да видиме, нема се приближи и нека се исполни решението на Светецот Израилев, за да дознаеме!« Тешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро и доброто – зло, темнината ја сметаат за светлина, и светлината – за темнина, горчливото – за слатко, а слаткото – за горчливо! Тешко им на оние, кои се мурди во своите очи и разумни пред самите себеси! Тешко им на оние, кои се храбри вино да пијат и се во сила да приготвуваат жесток пијалок, кои за подароци го оправдуваат виновниот и ги лишуваат праведните од законитото! Затоа, како што огнот ја јаде сламата, и пламенот го истребува сеното, така ќе загине коренот нивни, цветот нивни ќе се разнесе како прав; зашто тие го отфрлија законот на Господа Саваот и го презреа словото на Светецот Израилев. Затоа гневот на Господа ќе се разгори против Неговиот народ, ќе ја протегне раката Своја против него и ќе го порази, така што горите ќе затреперат и труповите нивни ќе бидат како ѓубре по улиците. А при сето тоа гневот Негов нема да се одврати и раката Негова уште ќе биде протегната. И ќе крене знаме за далечни народи и ќе им даде знак на оние што живеат на крајот од земјата, и ете, тие лесно и брзо ќе дојдат; кај нив нема да има ни умерен, ни премален; ниеден нема да задреме и нема да заспие; нема да се отпаше појасот од половината негова и нема да се одврзе ремен од чевлите негови; стрелите негови се изострени, сите лакови – им се затегнати; копитата на коњите нивни се како кремења, а колцата нивни – како виор; рикањето нивно е како рикањето на лавица; тој рика како лавче и ќе зарика, ќе го зграпчи пленот и ќе го однесе и никој нема да му го одземе. Во оној ден ќе зарика против него како божем рикање на разбеснето море; ќе погледне Он на земајта, и ете, темнина и жалост, а светлината потемнела во облаците. Во годината кога умре цар Озија, јас го видов Господа, седнат на престолот висок и издигнат, а полите на одеждата Негова го исполнија целиот храм. Околу Него стоеја серафими; секој од нив имаше по шест крилја: со две секој го криеше лицето свое, со две други ги криеше нозете свои, а со две леташе. И викаа еден кон друг и велеа: »Свет, свет, свет е Господ Саваот! Целата земја е полна со Неговата слава!« И се разниша, горништето на вратите од гласот на оние што викаа, а домот се исполни со дим. И реков: »Тешко ми мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста, – а очите мои Го видоа Царот Господа Саваот!« Тогаш долета до мене еден од серафимите со разгорен јаглен во раката што го беше зел со клешти од жртвеникот, се допре до устата моја и ми рече: »Ете, тоа се допре до устата твоја – и твоето беззаконие се оттргна од тебе, гревот твој се очисти.« И го чув гласот на Господа, Кој рече: »Кого да испратам у кој ќе отиде заради нас?« А јас реков: »Еве ме мене, испрати ме мене!« Тогаш Он рече: »Оди и кажи му на тој народ: ‚со ушите ќе чуете и нема да разберете, и со очи ќе гледате – и нема да видите.‘ Зашто срцето на тој народ е закоравено, и со ушите тешко слушаат и ги затвориле очите свои за да не гледаат со очи, со уши да чујат и со срце да разберат, та да се обрнат да ги излекувам.« И реков: »До кога, Господи?« Он рече: »Додека запустат градовите и останат без жители, и куќите без луѓе, земјата сосема не се запусти, додека Господ не ги оддалечи луѓето и голема пустош во таа земја да има. И ако остане уште десеттиот дел на неа и се врати, таа пак ќе биде разорена; но како од брест и даб, кога се и отсечени, останува коренот нивни, така светото семе ќе биде нејзин корен.« Во дните на Ахаза – синот на Јоатама, син Озиев, цар јудејски, – Ресина, царот сириски, и Факеј, синот ремалиев, цар израилски, отидоа против Ерусалим да го завладеат, но не можеа да го преземат. Тогаш му беше соопштено на домот Давидов и речено: »Сиријци се сместија во земјата Ефремова. И му затрепери срцето на Ахаза и срцето на народот негов, како што од ветар се нишаат дрвјата.« И му рече Господ на Исаија: »Излези и ти и син ти Сеарјасув да го пречекаш Ахаза на крајот од горното езеро по патот кај нивата на валавичарот, и кажи му: внимавај и биди спокоен; не бој се, и да не се плаши срцето твое пред двата краја на тие гламји што чадат, од разгорениот гнев на Ресина, на Сиријците и на синот Ремалиев.« Сирија, Ефрем и синот Ремалив кројат против себеси зло, велејќи: »да одиме против Јудеја и да ја исплашиме, да ја завладееме и да го поставиме за цар Тавеиловиот син.« Но Господ Бог вели вака: »Тоа нема да стане и нема да се изврши, зашто главата на Сирија е Дамаск, а главата на Дамаск – Ресин; по шеесет и пет години Ефрем ќе престане да биде народ; глава на Ерфема е Самарија, а глава на Самарија – синот Ремалиев. Ако не верувате, нема да се додржите.« И продолжува Господ да му говори на Ахаза и му рече: »Барај за себе знак од Господа, твојот Бог: барај или во длабочините или во височините.« И рече Ахаз: »Нема да барам и нема да го искушувам Господа.« Тогаш Исаија рече: »Слушајте, пак, доме Давидов! Зар ви е малку тоа што им дотежнувате на луѓето, па сакате да Му дотежнувате и на мојот Бог?« Затоа Самиот Господ ќе ви даде доказ: ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му дадат името Емануел. Тој ќе се храни со млеко и мед, додека да се научи да го отфрла лошото и да го избира доброто. Зашто, пред доенчето да се научи да го отфрла лошото и да го избира доброто, оваа земја, од која ти се плашиш, ќе биде оставена од двајцата цареви. Но Господ ќе испрати врз тебе и врз народот твој и врз домот на татка ти, какви што не доаѓале, откако Ефрем се оддели од Јуда – ќе го испрати асирскиот цар. И ете, во тој ден Господ ќе свирне не мувите, кои се кај устието на египетската река, и на пчелата, која е во асирската земја, – и ќе долетаат и ќе заседнат сите тие по запустените долини и по камените пештери и по сите трништа и по сите дрвја. Во тој ден Господ ќе го избричи со брич земен од оваа страна на реката – преку асирскиот цар, главата и влакната на нозете, ќе ја симне дури и брадата. И во тој ден, кој храни крава и две овци, поради изобилството на млеко, што тие ќе го дадат, ќе јаде масло; со масло и мед ќе се хранат сите, што останале во таа земја. Во тој ден на секое место, каде што растеле илјада лози за илјада сребреници, ќе има глог и трниште. Таму ќе се оди со лакови и стрели, бидејќи целата земја ќе е во глогови и трњаци. И на ниедна од горите, што биле расчистувани со трнокоп, нема да одиш, поради страв од глог и од трња; таму ќе истеруваат говеда и ситен добиток ќе гази. И ми рече Господ: »Земи си голем свиок и напиши на него со човечко писмо: брз на плен и итар на грабеж. И си зедов верни сведоци: свештеникот Урија и Захарија, синот Варахиев, и пристапив кон пророчицата, и таа зачна и роди син. И ми рече Господ: дај му име: брз на плен и итар на грабеж; шах – баз; зашто, пред да се научи детето да изговара: тате, мамо, – богатството на Дамаск и пленот самариски ќе бидат претставени пред асирскиот цар.« И продолжуваше да ми зборува Господ и рече: »Зошто овојј народ ги занемарува водите на Силоам, оти течат тивко, и се восхитува на Ресина, и од синот Ремалиев, Господ ќе ги испрати врз него бурните и големите води на реката – асирскиот цар со сета негова слава; ќе се надигне таа во сите свои ракави и ќе се излие преку сите свои брегови; и ќе навлезе во Јудеја, ќе ја наводни и високо ќе се крене – ќе стигне до вратот; и раширените крила нејзини ќе бидат по целата ширина на Твојата земја, Емануиле!« Здружувајте се, народи, но ќе бидете уништени, и внимавајте вие сите што сте далечни земји! Вооружувајте се, но ќе бидете победени; вооружувајте се, но ќе бидете уништени! Кројте заговори, но тие ќе се рушат, говорете збор, но тој нема да си исполни, зашто со нас е Бог! Зашто вака ми велеше Господ, држејќи ја врз мене цврстата рака и опменувајќи ме да не одам по патот на тој народ, велејќи: »Не нарекувајте го заговор сето она што тој народ го нарекува заговор; и не плашете се од она, од кое тој се плаши, не стравувајте. Господа Саваота – Него свето почитувајте Го, и Он да биде ваш страв и ваш трепет! Он ќе биде осветување и камен за сопнување и карпа за соблазна на двата дома Израилеви, стапица и мрежа за жителите ерусалимски. И мнозина од нив ќе се сопнат и ќе паднат, ќе се разбијат, ќе се заплеткаат во стапицата и ќе бидат уловени.« »Врзи го свидетелството и запечати го откровението пред своите ученици.« И така, јас се надевам на Господа, Кој го сокрил лицето Свое од домот Јаковов, на Него се надевам. Ете, јас и децата што ми ги даде Господ, сме како белези и докази во Израилот од Господа Саваот, Кој живее на гората Сион. И кога ќе ви речат: »Обрнете се кон оние, што извикуваат мртовци, и кон маѓесници, кон бајачи и оние што говорат од стомак, тогаш одговарајте: не треба ли народот да се обрнува кон својот Бог? Се прашуваат ли мртви за живи?« Допрашај се до законот и откровението! Ако некои речат дека не е така, тогаш за нив нема светлина. Ќе скитаат тие по земјата, жестоко угнетувани и гладни; и во време на гладта ќе се лутат, ќе го навредуваат својот цар и својот Бог. И ќе се загледаат угоре, и ќе погледаат кон земјата; и ете – скрб и мрак, густа темнина; и ќе бидат фрлени во темнината. Но нема секогаш да има мрак таму, каде што сега тој е згустен. Поранешното време ја понизи земјата Завулонова и земјата Нефталимова; но подоцнежното – ќе го возвеличи крајморскиот пат, од онаа страна на Јордан, незнабожечка Галилеја. Народот, кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка ќе болсне светлина. Ти ќе го умножиш народот, ќе ја зголемиш радоста негова. Тој ќе се весели пред Тебе, како што се веселат за време на жетва, како што се радуваат при делење на плен. Зашто јаремот, кој му тежеше, и жезлото, што го поразуваше, и стапот на неговиот угнетувач – Ти ќе ги скршиш, како во денот на Мадијама. Оти секоја војничка обувка во време на војна и облека, извалкана од крв, ќе бидат предадени на изгорување, за храна на огнот. Зашто Младенец ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Советник, Чудесни, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот. Неговата власт и мирот бескраен ќе растат врз престолот на Давида и во царството негово, за да го утврди Он и да го зацврсти преку суд и правда отсега па довека. Тоа ќе го направи ревноста на Господа Саваота. Господ му испраќа слово на Јакова, тоа слегува врз Израилот, за да знае сиот народ, Ефрем и жителите на Самарија, кои со гордост и надуено срце велат: »Тулите паднаа, – ќе градиме со делкани камења; смоквите се исечени, – ќе ги замениме со кедри.« Ќе ги крене Господ против него непријателите на Ресина, ќе ги вооружи непријателите негови; Сиријците од кај исток, Филистејците од кај запад; ќе го голтнат Израилот со полна уста. При сето тоа гневот Негов нема да се одврати и раката Негова ќе биде протегната. Но народот не се обрнува кон Оној, Кој го бие и не прибегнува кон Господа Саваот. Господ ќе му ја пресече на Израилот главата и опашката, палмата и трската во еден ден: старецот и големецот – тоа е главата; а пророкот – лажниот учител е опашот. Водачите на овој народ ќе го доведат во заблуда, а водените од нив ќе загинат. Затоа Господ нема да се радува на момчињата негови, и нема да се смили над сираците негови и вдовиците негови; зашто сите тие се лицемери и злодејци, и устата на сите зборува нечесно. При сето тоа гневот Негов нема да се одврати и раката Негова уште е протегната. Зашто беззаконието како оган се разгорело, голтнува глог и трн и гори во горските гасталаци, се креваат столбови од дим. Гневот на Господа Саваот ќе ја изгори земјата, народот ќе стане како храна за огнот, човек нема да го пожали братот свој. Ќе сечат надесно – и ќе си останат гладни; ќе јадат налево – и нема да се наситат; секој ќе го јаде месото од својата мишка: Манасија – Ефрема, и Ефрем – Манасија, обајцата заедно – Јуда. При сето тоа нема да се одврати гневот Негов, и раката Негова уште е протегната. Тешко им на оние што создаваат неправедни закони и пишуваат остри решенија, за да ги отстранат сиромасите од правосудието и да ги ограбат правата на слабите меѓу Мојот народ, за да ги направат вдовиците свој плен и да ги грабаат сираците. А што ќе правите вие во денот на посетата, кога смртта ќе дојде оддалеку? Кон кого ќе прибегнете за помош? Каде ќе го оставите богатството свое? Без Мене тие ќе се превиваат меѓу окованите и ќе паднат меѓу убиените. При сето тоа нема да се одврати гневот Негов, раката Негова уште е протегната. О, Асуре, жезло на Мојот гнев и бич на Моето негодување! Ќе го испратам против нечесен народ и против народот на Мојот гнев, ќе му дадам повелба грабеж да граби и плен да плени и да ги гази како улична кал. Но тој нема така да расуди, срцето негово нема да помисли вака: нему на срце ќе му биде – да разурне и да истреби многу народи. Зашто тој ќе рече: »Нели се сите цареви мои кнезови? Халне не е ли она што и Кархемис? Емат не е ли она што и Арпад? Самарија не е ли она што е Дамаск? Бидејќи раката моја завладеа со идолските царства, во кои беа идолите повеќе отколку во Ерусалим и Самарија, – тоа нема ли да го направам истото со Ерусалим и со неговите кипови, како што направив со Самарија и со нејзините идоли? А кога Господ ќе го изврши сето Свое дело на гората Сион и во Ерусалим, тогаш ќе го казнам плодот на горделивото срце на царот асирски и дрскоста на високо кренатите му очи.« Зашто рече: »Со силата на Своите раце и со премудроста на Својот разум го направив тоа, зашто сум умен: ги разместам границите на народите, и нивните богатства ги ограбив, раката Моја го ограби богатството на народите како гнезда: како што ги земаат оставените во нив јајца, така ја заграбив јас целата земја, и никој со крило не мрдна, ни уса не отвори, ниту писна.« Се крева ли на големо секирата пред оној што сече со неа? Се гордее ли трионот пред оној што го движи? Како стап да се крева против оној што го дига! Како божем прачка се крева против оној, кој не е дрво! Затоа Господ, Господ Саваот ќе испрати немоќ на неговите здрави и меѓу првенците на твојата чест бесчестие и врз твојата слава оган на зло ќе се разгори. Светлината на Израилот ќе биде оган, а неговиот Светец – пламен, кој ќе ги изгори и ќе ги изеде трњето негови и боцките негови во еден ден; ќе ја истреби славната шума негова и градината негова, од душа до тело, и тој ќе биде како немоќен, кој умира. И другите дрвја од шумата негова ќе бидат толку малубројни, што дури и дете ќе може да им направи опис. И ете, во тој ден Израилевиот остаток и спасените од домот на Јакова нема веќе да се потпираат на оној, кој ги порази, но простосрдечно ќе положат надеж во Господа, Светецот Израилев. Остатокот ќе се врати, остатокот на Јакова, ќе се врати кон Бога Силен. Зашто, иако твојот народ, Израиле, е колку морскиот песок, само остатокот негов ќе се обрати; решението за истребување е преисполнето со правда; зашто решеното истребување ќе го изврши Господ, Господ Саваот, по целата земја. Поради тоа вака вели Господ, Господ Саваот: »Народе Мој, што живееш на Сион, не бој се од Асура. Тој ќе те порази со жезло и ќе го крене стапот против тебе, како Египет. Уште малку, сосема малку, – и Мојот гнев ќе мине, јароста Моја ќе се сврти да ги истреби.« И ќе крене Господ Саваот бич врз него, како кога го порази Медијам кај карпата Орив, или како кога го протегна жезлото врз морето, ќе го крене како врз Египет. Во тој ден ќе биде симнат од твоите рамења товарот негов, и јаремот негов – од твојот врат; јаремот ќе се скрши од дебелина. Тој оди против Ајат, го минува Мигрон, натрупува харни во Михмас. Ти минуваат клусири; Во Гева ноќеваат; Рама се тресе; Гива Саулова се разбега. Викај со глас ќерко Галимова; нека те чуе Лаис, беден Анатоте! Мадмена се разбега, жителите на Гевим брзаат да побегнат. Уште еден ден ќе престојува тој во Нов; со раката своја ја заплашува гората Сион, ерусалимскиот рид. Ете, Господ, Господ Саваот со страшна сила ќе ги откине гранките на дрвјата и кои со својот раст се зголемуваат, ќе бидат пресечени, високите – на земја соборени. И горскиот гасталак Он ќе го исече со меч, – и Ливан ќе падне од Семоќниот. И ќе потера фиданка од Јесеевата пењушка, и стебло ќе израсне од нејзиниот корен; ќе почива врз Него Дух Господов, дух на премудрост и разум, дух на совет и крепост, дух на знаење и благочестивост; ќе се исполни со страв Господов, ќе суди, не според тоа како што очите Негови гледаат; и ќе ги решава делата, не според тоа како што ушите Негови слушаат. Он ќе им суди на сиромасите по правда, и делата на страдалците во земјата ќе ги решава според вистината; со зборот од устата Своја ќе ја порази земјата, со дишењето на устата Своја ќе го убие нечесниот. Појас на половината Негова ќе биде правдата, а појас на бедрата Негови – вистината. Тогаш волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно, и мало дете ќе ги води. Крава ќе пасе со мечка, нивните млади ќе лежат заедно; лавот ќе јаде слама како волот. Новороденче ќе игра над змиина дупка, дете ќе протега рака кон змиино гнездо. Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето. Во оној ден кон Јесеевиот корен, кој ќе стане како знаме на народите, ќе се обрнат незнабошците, мирот негов ќе му биде слава. Тогаш Господ пак ќе ја крене раката Своја, за да Си го врати остатокот од народот Свој, – она што остана во Асирија, и во Египет, и во Патрос, и во Хус, и во Елам, и во Сенар, и во Емат, и островите морски. И ќе крене знаме кон незнабошците и ќе ги собере прогонетите Израилци; расеаните Јудејци ќе ги повика од четирите земни краишта. Ќе се прекрати зависта Ефремова; кои непријателствуваат против Јуда, ќе бидат истребени, Ефрем нема да му завидува на Јуда, а Јуда нема да го притеснува Ефрема. И ќе полетаат врз плеќите на Филистејците кон запад, ќе ги ограбат сите деца на Исток; ќе стават рака врз Едом и Моав, и децата Амонови ќе им бидат поданици. Ќе го исуши Господ заливот на Египетското Море, ќе ја протегне раката Своја врз реката преку силниот Свој ветар и ќе ја разбие на седум ракави, така што со обувки да можат да ги минуваат. Тогаш за остатокот од Неговиот народ, кој ќе остане во Асура, ќе има широк пат, како што беше тоа за Израилот кога излегуваше од Египетската земја. Во оној ден ќе речеш: »Ќе Те славам, Господи! Ти ми беше гневен, но го одврати гневот Свој и ме утеши.« Ете, Бог е моето спасение; на Него се надевам; и не се плашам; зашто Господ е мојата сила, Господ е мојата песна; Он ми е спасение. Тогаш со радост ќе црпите вода од изворите на спасението, во тој ден ќе речете: »Славете Го Господа, повикувајте Го името Негово; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови; напомнувајте дека името Негово е големо; пејте Му на Господа, зашто Он направил нешто големо – нека го знаат тоа по целата земја. Весели се и радувај се, жителко Сионова, зашто, голем е меѓу тебе Светецот Израилев.« Пророштво за Вавилон, што го изрече Исаија, синот Амосов. »Кренете знаме на гола планина, издигнете глас, мавнете им со рака да навлезат низ кнезовските порти. Јас им дадов повелба на Моите избраници и ги повикав да го исполнат гневот Мој Моите јунаци, кои се радуваат на величието Мое. Голем шум има по планините, како божем од многуброен народ, бунтовен шум на царства и народи, собрани заедно, Господ Саваот ја прегледува готовата војска за војна. Идат од далечна страна, од крајот на небото, Господ и орудијата на Неговиот гнев, за да ја сотрат целата земја. Липајте, зашто денот Господов е близу, – иде како разурнувачка сила од Семоќниот. Затоа рацете на сите отпаднаа, срцето на секој човек се стопи. Тие се ужасија, грчеви и болки ги опфатија; се мачат како родилка, зашеметени гледаат едни во други, лицата им пламнаа. Ете, денот Господов доаѓа лут, со гнев и пламната јарост, за да ја претвори земјата во пустиња и да ги истреби од неа грешниците нејзини. Ѕвездите небески и светилата нема да даваат од себеси светлина; сонцето се замрачува при изгревањето свое; и месечината не свети со светлината своја. Јас ќе го казнам светот за злото, и нечесните – за нивните беззаконија; ќе го премавнам високоумството на гордите и ќе ја понизам надуеноста на угнетувачите; ќе направам така, што луѓето да бидат поскапи од чисто злато, а мажите – поскапи од офирско злато. Затоа ќе го затресам небото, земјата ќе се помести од местото свое поради јароста на Господа Саваот, во денот на пламнатиот гнев Негов. Тогаш секој како подгонета срна и како напуштени овци ќе се обрне кон народот свој, секој ќе избега во земјата своја. На кого ќе му се падне, ќе биде пронизан; и кого ќе го фатат, ќе загине од меч. Новороденчињата нивни ќе бидат смачкани пред очите нивни; куќите нивни ќе бидат разграбени, а жените нивни обесчестени. Ете, Јас ќе ги кренам против нив Мидјаните, кои не го ценат среброто и не лакомат за злато. Нивни лакови ќе ги поразат младите и нема да сожалат ни плод во утроба; очите нивни нема да се смилуваат на децата. И Вавилон, украсот на царствата, гордоста на Халдејците, ќе биде соборен од Бога, како Содом и Гомор, нема да се насели никогаш, во него нема да има жители од род во род; нема Арабиец да го распне шаторот свој, овчари таму со стадата свои нема да пладнуваат. Но во него ќе живеат ѕверови; бувови ќе се населат во нивните домови, и бесови ќе потскокнуваат и ќе играат. Шакали ќе вијат во дворците нивни и хиени во домовите за веселба. А ќе дојде неговото време, близу е, деновите негови нема да задоцнат.« Блиско е времето негово, нема да задоцнат дните негови; зашто Господ ќе го помилува Јакова и пак ќе го засака Израилот; ќе ги насели во земјата нивна, ќе се присоединат кон нив туѓинци и ќе се прилепат кон домот Јаковов. Ќе ги земат народите и ќе ги одведат на местото нивно; домот Израилев ќе ги присвои на земјата Господова како робови и робинки, ќе ги земе во плен своите пленители и ќе владее над своите угнетувачи. Во оној ден, кога Господ те оттргна од скрбта твоја, од стравот и од тешкото ропство, под кое беше заробен, ти ќе запееш победничка песна против вавилонскиот цар и ќе речеш: како исчезна мачителот и прекина тиранијата! Господ го скрши жезлото на нечесните, скиптарот на владетелите, кој јаросно ги поразуваше народите со бескрајни удари, гневно владееше над племињата свои со незадржливо прогонување. Целата земја здивна, почива, воскликнува од радост; и кипарисите се радуваат за тебе и кедрите ливански, велејќи: откако заспа ти, никој не доаѓа да нѐ сече. Пеколот адски се раздвижи заради Тебе, за да Те пречека при Твоето влегување; со Тебе се разбудија сите водачи на земјата; изместувајќи ги сите цареви незнабожечки од престолите нивни. Сите тие ќе ти говорат: и ти стана бессилен како нас! И ти стана сличен на нас. Гордоста ти е симната во пеколот, со сиот твој шум; под тебе има гнилеж за постилка, а црви се твојата покривка. Како падна ти од небото, Денице, сине на зората! Се разби од земјата ти, кој ги угнетуваше народите. А во срцето свое си велеше: »Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди и ќе седнам на гората во соборот на боговите, на крајот од северот; ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам сличен на Севишниот.« Но ти си соборен во пеколот, во дното на адот. Оние што ќе те видат, ќе се загледадат во тебе, ќе си речат за тебе: тое ли е човекот, што земјата ја разнишуваше и царства потресуваше, вселенеата во пустиња ја претвори и ги разрушуваше градовите нејзини, робовите не ги пушташе по домовите нивни? Сите цареви на народите, сите почиваат со чест, секој во својата гробница; а ти си фрлен надвор од гробот како отпадок, како облека на убиени, на погубени со меч, што ги спуштаат во камени гробници, – како изгазен труп, нема да се соединиш со нив во гробот; зашто ти ја разори земјата своја, го уби народот свој: племето на злодејците засекогаш нема да се спомне. Гответе клање за синовите негови поради беззаконието на таткото нивни, за да не востанат и да не завладеат со земјата и да не ја наполнат вселената со непријатели. »И ќе станам против нив, вели Господ Саваот, и ќе го истребам името на Вавилон и целиот остаток – и син, и внук, вели Господ. И ќе го направам ежово владение и кал, ќе го изметам со истребувачка метла, вели Господ Саваот.« Со клетва вели Господ Саваот: »Како што намислив, така и ќе биде; како што решив, така и ќе стане, за да го погубам Асура во Мојата земја и да го изгонам од Моите гори; ќе падне од нив јаремот негов, и товарот ќе се симне од рамењата нивни.« Такво е решението, определено за целата земја, и еве ја раката, протегната врз сите народи; зашто Господ Саваот решил, и кој може да го измени тоа? Раката Негова е протегната, – и кој ќе ја врати? Во годината, кога умре царот Ахаз, имаше вакво пророчко слово: »Немој да се радуваш, земјо Филистејска, дека е скршен жезалот, кој те поразуваше, зашто од змискиот корен ќе излезе отровница и плодот нејзин ќе биде змеј што лета. Тогаш најбедните ќе бидат нахранети, немоќните ќе си почиваат во безопасност; а твојот корен со глад ќе го уморам, и тоа ќе го убие твојот остаток. Ридајте, порти, викај граде, на глас! Ќе се раздробиш ти, цела земјо Филистејска; зашто од север иде дим, нема изморен во нивните војски. А што ќе соопштат известувачите народни? – Тоа дека Господ го утврдил Сион, и дека во него ќе најдат засолниште сиромасите од народот Негов.« Пророштвото за Моав. Така! Ноќе ќе биде разорен Ар – Моав и уништен; така! Ноќе ќе биде разорен Кир – Моав и уништен! Тој се искачува во храмот девонски за да плаче на височина; Моав липа над Невон и Медев; сите тие се со истрижени глави, сите со избричени бради. По улиците негови се препашуваат со вреќишта; по покривите негови и плоштадите сите плачат, во солзи тонат. Пишти Есевон и Елеала; гласот нивни се слуша дури до Јаца; по нив и војниците на Моав плачат, душата му се бранува во него. Плаче моето срце за Моав; бегаат од него кон Сигор, до третата Егла; се искачуваат со плачење на Лухит; по хоронаимскиот пат креваат страшен вик; зашто водите на Нимрим пресекнаа, ливадите се исушија, тревата изгоре, зеленило не остана; затоа тие ги пренесуваат од онаа страна на Арабиската река остатоците од имотот и она, што го собрале. Оти писокот се разнесува по сите предели на Моав, плачот негов стигнува дури до Еглаим, плачот негов стигнува до Беер – Елим; бидејќи водите на Димон се наполнија со крв, и Јас ќе испратам врз Димон уште нешто ново, – лавови врз избеганите од Моав и против другите во земјата. Испраќајте јагниња за владетелот на земјата, испраќајте од Села во пустињата кон планината на ќерката Сионова; зашто ќерките на Моав при Арнонските бродови ќе бидат слични на птица скитница, исфрлена од гнездото. »Свикај совет, донеси решение; засенчи нѐ со сенката своја среде пладне како ноќе, прикриј ги истераните, не ги предавај скитниците. Нека поживеат кај тебе моите истерани Моавци; биди им закрила од грабачи: зашто угнетувачот – нема да го пуштам; грабежот ќе престане, потисниците ќе исчезнат од земјата. И престолот ќе се утврди со милост, и на него ќе седне со верност, во Давидовиот шатор, судија, кој бара правда и се стреми кон правосудие.« »Сме слушале за Господа на Моав, прекумерна гордост, за неговата надуеност и високомерност и за неговото беснеење: неискрен е зборот негов.« Затоа Моав ќе заплаче за Моав, – сите ќе плачат: ридиштата за тврдините за Кирхарешет: тие се наполно разурнати. Есевонските полиња се исушија, како и севаимското лозје; големците на народите ги истребија најдобрите лозја, кои достигнаа до Јазер, се простираа по пустињата; ластарите се ширеа, преминуваа од онаа страна на морето. Поради тоа јас ќе плачам за лозјата севаимски со плачот на Јазера, ќе ги облевам со солзите свои, Есевоне, и Елеало; зашто по твојот гроздобер и по твојата жетва нема повеќе шумна радост. Исчезна од плодоносната земја радоста и веселбата, по лозјата не пеат ниту се радуваат; лозарот не гмечи грозје во садови: Јас ги прекратив веселбите. Затоа мојата внатрешност стенка по Моав како гусле, а срцето мое за Кирхарешет. Но и да се јави Моав и до умор да оди по идолските светилишта, и да дојде при светилиштето свое, да се моли, пак ништо нема да му помогне. Тоа е словото, кое Господ одамна го беше искажал за Моава. А сега вака вели Господ: »По три години, сметајќи наемнички години, величието на Моав ќе биде понизено со сето големо множество негово, а остатокот ќе биде многу мал и незначаен.« Пророштвото за Дамаск – ете, Дамаск се исклучува од бројот на градовите и ќе биде куп од урнатини. Градовите Ароирски ќе бидат напуштени, – ќе останат за стадата, што ќе си почиваат таму и нема да има кој да ги плаши. Нема да има повеќе Ефремова тврдина, ни дамаско царство и остатокот од Сирија; со нив ќе стане исто, што стана со славата на синовите Израилеви, вели Господ Саваот. Во оној ден ќе се намали славата на Јакова, и полното тело негово ќе ослабне. Исто онака ќе биде по собраното жито од жетварот, кога раката негова ќе ги ожнее класовите и кога ќе ги соберат класовите во Рефаимската долина. И ќе останат во него, како што станува при тресење маслинки, две – три зрна да остана на самиот врв или четири – пет на плодните гранки, вели Господ, Бог Израилев. Во оној ден ќе го сврти човек погледот свој кон својот Создател, очите негови ќе бидат управени кон Светецот Израилев; и нема да сврти очи кон жртвениците, дело на рацете свои; нема да го погледне она што го направиле прстите негови, идолите на Астарта и Ваал. Во оној ден утврдените негови градови ќе бидат како урнатини во гори и по планински врвови, оставени пред синовите Израилеви и сѐ ќе биде пусто. Зашто ти Го заборави Бога на твоето спасение, не се сеќаваше на карпата на твоето засолниште; затоа ти си уредил градини за веселби и си насадил прачки во туѓи лозја. Во денот, кога садеше, ти се грижеше насаденото да расте, и посеаното од тебе да цути; но во денот кога ќе собираш, ќе нема куп жетва, туку голема жалост. О, шум од многу народи! Шумат тие како што шуми морето. Викање на племиња! Викаат тие како што рикаат бујните води. Викаат народите како што рикаат бујните води; но Он ги заплаши, – и тие избегаа далеку; беа разгонети како плева по планините од ветар и како прав од виор. Вечерта – и ете ти ужас, но пред утрото веќе го нема. Таков е делот на нашите грабачи, жребот за нашите разрушители. Тешко ѝ е на земјата, која се осенчува со крилја од онаа страна на етиопските реки, која испраќа гласници по море и рогозени чунови по водите! Одете, брзи гласници, при народ јак и бодар, при народ страшен од почетокот до денес, при народ здрав и кој сѐ победува, чија земја реки ја пресечуваат. Сите вие, што ја населувате вселената и живеете на земјата, гледајте кога ќе се крене знаме на планините, кога ќе затруби трубата! Зашто, така ми рече Господ: Јас гледам спокојно од Своето живеалиште, како светла жега – по дожд, како облак роса – при жетвен припек. Зашто пред гроздобер, кога грозјето ќе прецути, и гроздот ќе почне да узрева, Он ќе ги исече со сорче прачките и ќе ги одземе, и ќе ги искастри фиданките. Ќе остават сѐ на грабливите планински птици и на полските ѕверови: и птици ќе летаат таму, а полските ѕверови таму ќе зимуваат. Во она време ќе биде принесен дар на Господа Саваот од народ јак и бодар, од народ страшен од почетокот до денес, од народ здрав што гази друг народ, чија земја реки ја пресечуваат, – кај местото, каде што е името на Господа Саваот врз гората Сион. Пророштвото за Египет. Ете, Господ ќе седне на лесен облак и ќе дојде во Египет. И пред лицето Негово ќе затреперат идолите египетски, а срцето на Египет ќе се стопи во него. Ќе вооружам Египтјани против Египтјани, – и ќе се бијат брат против брат и пријател против пријател, град со град, царство со царство. Духот на Египет ќе изнемошти во него, ќе ги разруши намерите негови, – и ќе прибегнат тие кон идоли и маѓесници, кон оние што повикуваат мртовци и кон бајачи. Ќе ги предадам Египтјаните во рацете на жесток владетел, свиреп цар ќе владее над нив, – вели Господ, Господ Саваот. И водите во морето ќе исчезнат, реката ќе секне и ќе пресуши; реките ќе намалат, каналите египетски ќе станам малуводни и ќе се исушат; рогозината и трската ќе овенат. Нивите крај реката, по бреговите на реката, и сѐ што е посеано крај реката – ќе се исуши, ќе биде развеано и ќе исчезне. И ќе заплачат рибари, ќе викаат сите што фрлаат јадици во реката, што поставуваат мрежа во водата, сите ќе бидат очаени; ќе се вознемират оние, што обработуваат лен и што ткаат бели платна; мрежите ќе бидат скинати, и сите што држат рибници за жива риба – ќе паднат со духот. Да! Се избезумија кнезовите танесови; советот на мудрите фараонови советници стана безумен. Како ќе му кажете на Фараонот: »Јас сум син на мудреците, син на древните цареви?« Каде се тие? Каде се твоите мудреци? Нека ти кажат тие сега; нека дознаат што определил Господ Саваот за Египет? Се избезумија кнезовите танесови; се измамија кнезовите мемфиски, го свртија Египет од патот на водачите на неговите племиња. Господ спроведе во него зашеметен дух, – го доведоа Египет во заблуда во сите негови дела, како пијан кога повраќа. И нема да има во Египет такво дело, кое би можеле да го извршат главата и опашката, палмата и трската. Во овој ден Египтјаните ќе бидат како жени; ќе затреперат и ќе се уплашат од движење на раката на Господа Саваот, што Он ќе ја крене против нив. Земјата Јудина ќе стане ужас за Египет, кој се сеќава не неа, тој ќе затрепери од решението на Господа Саваот, што го определил Он за него. Во оној ден пет града во Египетската земја ќе говорат на ханански јазик, и ќе се колнат во Господа Саваот; едниот ќе се нарече град на сонцето. Во оној ден ќе има жртвеник на Господа среде Египетската земја и споменик на Господа – во нејзините предели. Тој ќе биде знак и сведоштво за Господа Саваот во Египетската земја, зашто тие ќе викаат кон Господа од потисниците, и Он ќе им донесе спасител и застапник, и ќе ги спаси. И Господ сам ќе се јави во Египет; во тој ден Египтјаните ќе Го познаат Господа и ќе принесат жртви и дарови, ќе Му дадат ветувања на Господа и ќе ги исполнат. И ќе го порази Господ Египет – ќе го порази и ќе го исцели: тие ќе се обрнат кон Господа – и Он ќе ги чуе и ќе ги исцели. Во тој ден ќе има широк пат од Египет до Асирија; и Асур ќе доаѓа во Египет и Египтјани во Асирија; и Египтјани заедно со Асиријците ќе Му служат на Господа. Во оној ден Израилот ќе биде трет со Египет и со Асирија; благослов ќе има на земјата, која Господ Саваот ќе ја благослови, велејќи: »Благословен да е Мојот народ – Египтјаните делото на рацете Мои – Асиријците, и наследството Мое – Израилот.« Во годината, кога Тартан дојде во Азот, бидејќи беше пратен од асирскиот цар Саргон и војуваше против Азот и го презеде, – во исто тоа време Господ Му кажа на Исаија, Амасовиот син, вака: »Оди и симни го вреќиштето од бедрата свои и собуј ги обувките од нозете свои.« Така и направи: одеше гол и бос. Тогаш рече Господ: »Како што слугата Мој Исаија оди гол и бос три години, како знак и означување кон Египет и Етиопија, – така асирскиот цар ќе поведе заробеници од Етиопија, млади и стари, голи и боси и со разголени бедра, за срам на Египет. Тогаш ќе се вџашат и засрамат поради Етиопија, нивната надеж, и поради Египет, со кој се фалеа. И во тој ден жителите ќе речат за онаа земја: ‚Ете какви биле оние, на кои се надевавме и при кој прибегнавме за помош, за да се спасиме од асирскиот цар! И како сакавме да се спасиме?‘« Пророштво за крајморската пустиња. – Како што бурите се носат во јужната страна, така доаѓа тоа од пустињата, од страшната земја. Страшна глетка ми беше покажата: грабач граби, опустошител опустошува; оди Еламе, опседни Мидијо: на сите воздишки ќе им ставам крај. Од тоа бедрата ми треперат; маки ме обзедоа, како маки на родилка. Возбуден сум од тоа што слушам; вознемирен сум од ова што го гледам. Срцето ми трепери: морници ме обземаат; радосната моја ноќ стана ужас за мене. Готват трпеза, постилаат покривки, јадат, пијат. »Станувајте, кнезови, намачкајте ги штитовите!« Зашто вака ми рече Господ: »Оди, одреди пазач; нека го јавува тој, она што ќе го гледа.« И виде тој, дека доаѓаат по двајца јавачи на коњи, јавачи на осли, јавачи на камили; и претпазливо тој слушаше, со големо внимание, – и почна да вика тој како лав: господаре мој: стоев на стража цел ден и на местото свое останував по цели ноќи: и ете, доаѓаат луѓе, јавачи на коњи по двајца. Потоа извика и рече: падна, падна Вавилон, и сите идоли на боговите негови лежат скршени на земјата. О, овршено жито на гумното мое! Она што го чув од Господа Саваот, Бога Израилев, тоа и ви го соопштив. Пророштвото за Едом. – Ми викаат од Сеир: »Стражару, кое време е во ноќта? Пазачу, кое време е ноќва?« Чуварот рече: »Наближува утрото, но и ноќта. Ако упорно прашувате – прашувајте; свртете се и дојдете. Пророштво за Арабија. – Во гората арабиска ноќевајте, каравани дедански. Жители на Темајската земја, носете вода да ги пречекате жедните; со леб пречекајте ги бегалците; зашто тие бегаат од мечот, од гол меч, од затегнат лак и од жестокоста на војната.« Оти вака ми рече Господ: »Уште една година, еднаква на наемничката година, – и сета слава на Кидар ќе исчезне, кај храбрите синови на Кидар ќе останат не многу лакови,« така вели Господ, Бог Израилев. Пророштво за долината на видението. – Што ти е, та цел си се искачил на покрив? Шуми граде, кој се брануваш, граде, што ликуваш! Твоите убиени не се убиени од меч, ниту умреле во борба; сите твои водачи бегаа заедно, но беа врзани од стрелците; сите што се најдени кај тебе врзани се заедно, колку и да бегаа далеку. Затоа велам: оставете ме, горко ќе плачам; не трудете се да ме утешувате, поради погибелта на ќерката од мојот народ. Зашто е ден на вознемиреност, угнетување и збрка во долината на видението од Господа, Бог Саваот. Се соборуваат ѕидови, викањето стигнува до планината. И Елам зеде јанџик: луѓе со коли, и јавачи. И ете, најдобрите твои долини се полни со коли бојни, јавачите се наредија спроти портите, па го симнуваат покривалото од Јудеја; и ти во тој ден ќе погледаш кон избраните домови во градот. Гледајте, дека има многу пукнатини во ѕидиштата на Давидовиот град, па собравте вода во долниот рибник; и се разрушија куќите ерусалимски, за да се зацврстат ѕидините градски; направивте меѓу двата ѕида собиралиште за вода од старото езеро. А на Оној, Кој го направи тоа, не погледнавте, и не Го гледавте Оној, Кој одамна го одреди тоа. Господ, Господ Саваот ве викаше на тој ден да плачете и да тагувате, да се истрижете и да се опашете во вреќиште. Но, ете, веселба и радост! Убиваат волови и колат овни; јадат месо, пијат вино и велат: »Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме!« И ми откри во ушите Господ Саваот: »Нема да ви биде простена таа нечесност, додека не умрете,« рече Господ, Господ Саваот. Вака рече Господ, Господ Саваот: »Тргни, оди кај оној царедворец, при Севна, началникот на дворецот, и кажи му: што имаш и кого имаш тука, па си правиш тука гробница? Тој си прави за себе гробница на височината, си прави живеалиште во карпата. Ете, Господ ќе те фрли далеку, како што фрла силен човек и ќе те свитка како клопче, откако ќе те свитка во свиок, ќе те фрли во широка земја; таму ќе умреш ти, таму твоите прекрасни коли ќе бидат за подбивање во домот на твојот господар.« Ќе те турнат од твоето место и ќе те симнат од твоето достоинство. И во тој ден ќе го повикам мојот слуга Елијаким, Хелкиевиот син, ќе го облечам со твојата облека и со твојот појас ќе го препашам, та и власта твоја ќе ја предадам во рацете негови; и тој ќе биде отец на жителите ерусалимски и за домот Јудин. И клучот на Давидовиот дом ќе го ставам на рамењата негови; тој ќе отвори, и никој нема да затвори; тој ќе затвори и никој нема да отвори. И ќе го зацврстувам како клин на цврсто место, тој ќе биде како славно седиште за домот на татка си. И на него ќе виси целата слава на татковиот му дом, на децата и внуците, на целата покуќнина до последната свирка. Во тој ден, вели Господ Саваот, ќе се заниша зацврстениот на цврсто место клин, ќе биде изваден и ќе падне, ќе се испокрши сѐ, што виси на него, зашто Господ вели. Пророштвото за Тир. – Плачете тарсиски кораби, зашто тој е разрушен: нема куќи и нема кој да влегува во куќите. Тоа им беше соопштено од земјата Китијска. Молкнете жители на островот, што го полнеа сидонските трговци, пловејќи по море. По големи води се пренесуваат во него житата на Сихор, жетвата на големата река; тој беше пазариште на народите. Засрами се, Сидоне: зашто, еве што вели морето, морската тврдина: како да не сум се мачела со родилни маки и да не сум раѓала, како да не сум одгледувала момци, ниту израснувала моми. Кога ќе стигне веста до Египјаните, тие ќе затреперат штом ќе чујат за Тир. Преселувајте се во Тарсис, плачете, жители на островот! Тоа ли е вашиот град кој ликува, чиј почеток е од древните дни? Нозете негови го носат, да се скита далеку во туѓина. Кој го одреди тоа за Тир, што раздаваше венци, чии купувачи беа кнезови, а трговците негови – најпрочуени во земјата? Господ Саваот го одреди тоа, за да посрами секоја горда слава, за да ги понизи сите најпрочуени во земјата. Оди по земјата своја, тарсиска ќерко, како реката: нема повеќе пречки. Он ја протегна раката врз морето, затресе царства; Господ додаде повелба за Ханан – да ги разруши тврдините негови, и рече: »Нема повеќе да ликуваш, посрамена девице, ќерко Сидонска, оди во Китин, но и таму нема да имаш мир.« Ете ја земјата на Халдејците. Тој народ порано го немаше; Асур му стави почеток од пустински жители. Тие ги издигаа кулите свои, ги соборуваат дворците негови, го претвораат во урнатини. Плачете, кораби тарсиски, зашто вашата тврдина е разрушена. И во тој ден ќе го заборават Тир за седумдесет години, колку се деновите на еден цар. А по седумдесетте години ќе се пее за Тир, како што се пее за блудница: »Земи гитара, тргни по градот, блуднице заборавена! Свири убави, пеј многу песни за да се сеќаваат на тебе.« И ете, по седумдесет години Господ ќе го посети Тир; и тој пак ќе земе да ја добива печалбата своја и ќе блудствува со сите земни царства по целата вселена. Но трговијата негова и печалбата му ќе бидат посветувани на Господа; нема да бидат затворени и натрупани во клетови, зашто печалбата од трговијата негова ќе преминува на оние што живеат пред лицето на Господа, за да јадат до наситување и да имаат трајни облеки. Ете, Господ ја опустошува земјата и ја прави неплодна; го изменува нејзиниот вид и ги распрснува оние што живеат на неа. Со свештеникот ќе стане исто што и со народот, – со слугата, – исто што и со господарот негов; со слугинката, исто што – и со господарката нејзина; со купувачот, исто што и со продавачот; она што ќе стане со оној, кој ќе земе на заем, исто што, и со оној кој дава на заем; со оној, кој дава со интерес – исто и со оној кој зема под интерес. Земјата е опустошена до крај и сосема е разграбена, зашто Господ го изрече тоа слово. Тагува, нажалена е земјата; опаднала, тажна е вселената; опаднале оние, што се издигале над народот на земјата. И земјата е осквернета под жителите свои, зашто тие ги прекршија законите, го изменија уставот, го нарушија вечниот завет. Затоа проклетство ја јаде земјата, а жителите нејзини трпат казна; затоа се изгорени престојувалиштата земни, малку луѓе останаа. Плаче гроздовиот сок; боледува лозата; воздивнуваат сите што се веселеа од срце. Престана веселбата со тимпани; молкна вревата на оние што се веселеа; стивнаа звуците на гуслите; не пијат повеќе вино со песни; горчлив е сикерот за оние што го пијат, Разорен е запустениот град; сите куќи се затворени, не може да се влезе. Плачат за вино по улиците; потемне секаква радост; изгонета е секаква веселба од земјата. Во градот остана само пустош, портите се искршени. А среде земјата, меѓу народите, ќе биде она истото, што станува кога маслинки тресат или пабирки од гроздобер. Тие ќе го кренат гласот свој, ќе ликуваат во величието на Господа, силно ќе воскликнуваат од морето. И така, славете го Господа на исток, по островите морски – славете Го името името на Господа, Бога Израилев. Од крајот на земјата слушаме песна: »Слава на Праведниот!« И реков јас: »Тешко мене, тешко мене! Злодејци зло вршат, на зол начин дејствуваат злодејците. Ужас, јама и стапица за тебе, жителе земни!« Тогаш, оној што избега од викот на ужасот, ќе падне во јама; и кој ќе излезе од јамата, ќе падне во стапица; зашто прозорците од небесната височина ќе се отворат, и основите земни ќе се разнишаат. Земјата се разрушува, земјата се распаѓа, земјата е силно разнишана; земјата се ниша како пијан и се лула како лулка, и беззаконието ѝ теже врз неа; таа ќе падне – и повеќе нема да стане. И во тој ден Господ ќе ја посети војската на висините, ќе ги посети и земните цареви на земјата. И ќе бидат собрани наедно како затвореници во затвор, и ќе бидат заклучени во темница и по многу денови ќе бидат казнети. Тогаш месечината ќе поцрвени, и сонцето ќе се засрами, кога Господ Саваот ќе се зацари на гората Сион и во Ерусалим, и пред неговиот старешини ќе стане слава. Господи, Ти си Бог мој; ќе Ти возвеличам, ќе го восфалам името Твое, зашто си извршил премудри дела; определени во старо време и вистинити. Амин. Ти го претвори градот во грамада од камења, цврстата тврдина – во урнатини; нема повеќе во градот дворци на другоплеменици; никогаш нема да биде востановен. Затоа ќе Те прославуваат силните народи; градовите на страшните племиња ќе се плашат од Тебе; оти Ти беше прибежиште на сиромавиот, прибежиште на немоќниот во тешко време за него, заштита од бура, сенка од припек; зашто гневното дишење на насилниците прилегаше на бура против карпа. Ти го скроти бујствувањето на непријателите, како припек – во безводно место; веселбата на угнетувачите е задушена, како припек – во сенка од облак. И Господ Саваот ќе стави врз таа планина за сите народи трпеза со добри јадења, трпеза со чисти вина, со богати јадења од коски и најчисти вина; врз таа планина ќе ја уништи покривката, што ги покрива сите народи, покривка, која лежи врз сите племиња. Смртта ќе биде проголтана за секогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица, и ќе го симне срамот од Својот народ во целата земја, зашто така вели Господ. И ќе речат во тој ден: »Еве, Он е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Он нѐ спаси! Он е Господ; Него Го чекавме; да се возрадуваме и развеселиме за спасението од Него! Оти раката на Господа ќе почива врз таа планина, и Моав ќе биде прегазен на местото свое, како што се гази слама на буниште.« И макар што ги размавна среде него рацете Свои, како што ги размавнува оној што плива, но Бог ќе ја понизи гордоста негова заедно со лукавството на рацете негови. И ќе ја собори, ќе ја разруши тврдината со твоите високи ѕидишта, ќе ја кутне на земја, во прав. Во тој ден ќе биде испеана во земјата Јудина оваа песна: »Градот ни е јак, место ѕидини и опкопи Бог ни даде спасение. Отворете ги портите; нека влезе праведниот народ, кој ја пази вистината. Цврстиот по дух Ти го пазиш во совршен мир, зашто на Тебе се надева. Надевајте се на Господа за секогаш, зашто Господ Бог е вечна тврдина; Он ги собори оние, што живееја на високо; – градот, што стоеше виско го собори, го кутна на земја, го фрли во прав. Нога го гази, нозете на сиромавиот, стапките на бедните. Патот на праведниот е прав; Ти ја израмнуваш неговата патека. На патот на Твоите судови, Господи, ние на Тебе се надеваме; душата наша се стремеше кон Твоето име и кон споменот за Тебе. Со душата своја се стремевме кон Тебе ноќе, и со духот свој ќе Те бараме во внатрешноста своја од рани зори; зашто, кога Твоите пресуди се извршуваат на земјата, тогаш жителите на светот се учат на правда. Ако нечесен биде помилуван, тој нема да се научи на правда, – ќе злодејствува во земјата на праведните и нема да погледне на величието Господово. Господи! Раката Твоја беше високо крената, но тие не ја видоа; ќе видат и ќе се посрамат оние, што го мразат Твојот народ; оган ќе ги голтне Твоите непријатели. Господи! Ти ни даруваш мир, зашто и сите наши дела Ти ги уредуваш за нас. Господи, Боже наш! Други господари, освен Тебе, владееле над нас; но само преку Тебе ние го славиме Твоето име. Мртвите нема да оживеат; нивните сенки нема да станат, зашто Ти ги посети и истреби, го уништи секој спомен за нив. Ти го намножи народот, Господи, го намножи народот. – Се прослави Себе Си, ги рашири сите земни граници. Господи, бидејќи во беда, тие Те бараа; изливаа тивки молитви, кога ги стигнуваше Твојата казна. Како непразна жена, кога ќе раѓа, се мачи, вика од болки, така бевме ние пред Тебе, Господи. Бевме непразни, се мачевме, – и како да раѓавме ветар; спасение не ѝ доставивме на земјата, и други жители во вселената не се појавија. Твоите мртовци ќе оживеат, мртвите тела ќе воскреснат! Разбудете се и ликувајте вие, соборените во прав; зашто Твојата роса е роса на растенијата, и земјата ќе ги исфрли мртовците. Ајде народе Мој, влези во покоите свои и затвори ги зад себе вратите свои, сокри се за миг, додека да мине гневот; зашто, ете, Господ излегува од Своето живеалиште да ги казни жителите земни за нивното беззаконие, и земјата ќе ја открие голтнатата од неа крв и повеќе нема да ги крие своите убиени.« Во тој ден Господ ќе го порази со Својот тежок, со Својот голем и јак меч левијатанот – змејот што лета, а левијатанот – лукавиот змеј и ќе го убие морското чудовиште. »Во тој ден запејте за Него – за саканото лозје.« Јас, Господ, сум негов чувар, во секој миг го напојувам; ноќе и дење го вардам, за да не влезе некој во него. Гнев нема во Мене. Но ако некој Ми покаже во него трње и боцки, ќе кренам против него војна, ќе го изгорам сосема, – освен, ако пребегне кон заштитата Моја и склучи мир со Мене. Тогаш нека склучи мир со Мене. Во идните дни Јаков ќе се вкорени; Израил ќе пушти гранки и ќе расцути; и вселената ќе се исполни со плодови. Така ли го поразуваше Он, како што ги поразуваше оние, кои него го поразуваа? Така ли ги убиваше, како што се убивани оние, кои него го убиваа? Со мерка го казнуваше Ти, кога го отфрлаше; исфрли го со силниот Свој здив, како во ден на источен ветар. И преку тоа ќе се избрише беззаконието на Јакова; а плод од тоа ќе биде: ќе се симне гревот од него, кога сите камења од жртвениците ќе ги претвори во грутка вар, нема повеќе да стрчат млади шуми и идоли на сонцето. Затоа утврдениот град ќе запустее, живеалиштата ќе бидат напуштени и зафрлени како пустиња. Таму ќе пасе теленце, таму ќе лежи и ќе ги подјадува гранчињата негови. Кога гранките ќе му се исушат, ќе ги искршат; ќе дојдат жени и ќе ги изгорат. Бидејќи тој народ е неразумен, Творецот негов нема да го сожали, Создателот нема да го помилува. Но во тој ден Господ ќе растресе сѐ од големата река до потокот Египетски, а вие, синовите Израилеви, ќе бидете собрани еден до друг; во тој ден ќе затруби голема труба, и ќе дојдат оние што се загубиле во Асирската земја и прокудените во Египетската земја и ќе Му се поклонат на Господа на светата гора во Ерусалим. Тешко му на венецот, со кој се гордеат пијаниците Ефремови! Тешко му на свенатото цвеќе – негов гиздав украс – цвеќе среде наѓубрената долина на замаените од вино! Ете, јакиот и силниот во Господа како пороен дожд со град, како погубна луња, како разлеана поплава од бурни води, со рака ќе ги обори сите на земја. Со нозе се гази венецот, со кој се гордеат Ефремовци. И со свенатото цвеќе – неговиот гиздав украс – цвеќе среде наѓубрената долина, станува истото, како што станува со смоквата, рано узреана: штом некој ќе ја види, веднаш ја зема в рака и ја каснува. Во тој ден Господ Саваот ќе биде убав венец и славна круна за остатокот од Својот народ. Дух на правосудие за оној што седи во судот и машкост за оние, кои го отфрлуваат непријателот до портите. Но и тие се нишаат од виното и го збркуваат патот свој од сикер: свештеник и пророк се препнуваат од силни пијалоци; победени се од вино, избезумени од сикер, во гледањето се збркуваат во судењето се сопнуваат. Зашто сите трпези се полни со одвратни повраќања, нема чисто место. А велат: »Кого сака тој да учи на знаење, и кога да вразумува со проповед? Дали деца, кои се одбиени од градно млеко, одделени од мајчините гради? Зашто сѐ е заповед врз заповед, заповед врз заповед, правило врз правило, правило врз правило, тука малку и таму малку.« Оти со неразбирлив говор и на туѓ јазик ќе му зборуваат на тој народ. Им говореа: »Еве одмор, дајте му одмор на изморениот, и ете му одмор.« Но тие не сакаа да слушаат. И стана во нив според словото Господово: заповед врз заповед, заповед врз заповед, правило врз правило, правило врз правило, тука малку, таму малку, – така што тие ќе отидат, ќе паднат ничкум и ќе се разбијат, ќе паднат во стапица и ќе бидат уловени. И така, слушајте го словото Господово, хулители, управници на овој народ, кој е во Ерусалим. Бидејќи говорите: »Сме склучиле сојуз со смртта и со пеколот сме направиле договор: кога ќе минува камшикот, кој поразува сѐ, тој нема да дојде до нас, оти лагата ја направивме наше засолниште и со измама ќе се прикриеме«, – затоа вака вели Господ Бог: »Ете, Јас полагам во основата на Сион камен, – камен испитан, аголен, скапоцен, темелен: кој верува во него, нема да се посрами. Ќе поставам суд за мерило и теразија за правдата; градот ќе го истреби засолништето на лагата, и води ќе го потопат местото на заклонот. И сојузот ваш со смртта ќе биде уништен, договорот ваш со пеколот нема да остане. Кога ќе мине камшикот, кој поразува сѐ, вие ќе бидете згазени. Штом ќе мине тој, ќе ве фати; а тој ќе оди секое утро, дење и ноќе и само слухот за него ќе предизвикува ужас.« Многу кратка ќе биде постелката, за да се протега; многу тесна и покривката, за да се завитка со неа. Зашто Господ ќе се крене, како на гората Ферасим; ќе се разгневи, како во Гаваонската долина, за да го изврши делото Свое, необично дело, и да ја заврши работата Своја, Своја чудна работа. И така, не потсмевајте се, за да не станат оковите ваши поцврсти; зашто јас чув од Господа, Бога Саваот, дека е одредено истребување за целата земја. Приклонете го увото и полушајте го гласот мој; бидете внимателни, ислушајте ја речта моја. Земјоделецот секогаш ли ора, за да посее, секогаш ли ора бразди и ја израмнува земјата своја? Не, откако ќе ѝ го израмни лицето, тој сее граор, распрскува ким или фрла пченица, на редови и јачмен во определеното место, а најпосле 'рж по сртовите. И на таков ред го учи неговиот Бог; Он го упатува. Зашто не вршат граор со чукање, ниту тркалата што вршат го газат кимот; туку со стап го чукаат граорот, и со стап го чукаат и кимот. Житото го вршат, но не го дробат; пуштаат преку него вршечки колца со коњи, но не го смачкуваат. И тоа станува од Господа Саваот: чудни се неговите судови, голема е Неговата премудрост! Тешко му на Арил, на градот Арил, каде што живееше Давид! Притурете година врз година; нека колат жртви. Но Јас ќе го притеснам Арил; и ќе има плач и тагување; тој ќе остане при Мене како Арил. Ќе се сместам на логорување околу тебе и ќе те стеснам со набљудувачка стража, ќе подигнам против тебе тврдини. И ќе бидеш понизен, ќе говориш како од под земја, и зборот твој ќе биде глув како говор од под прав, и гласот твој ќе биде како глас на оној што говори од стомак, и зборот твој ќе се шепоти од под правот. Многу твои непријатели ќе бидат како ситен прав, а множеството угнетувачи – како развеана плева; и тоа ќе стане ненадејно, во еден миг. Господ Саваот ќе те посети со гром и потрес, со силен глас, со бура и виор, со пламен од оган што голта сѐ. И како сон, како ноќно видение во сон ќе биде мноштво од сите народи, што војуваат против Арил, од сите, излезени против него и тврдините негови, и од оние, што го притесниле. И како што гладен сонува, дека божем јаде, но се разбудува, и душата му е празна; и како што жеден сонува дека божем пие, но се разбудува, и ете се мачи, и душата му е жедна: истото ќе стане и со множеството од сите народи, што војуваат против гората Сион. Чудете се и восхитувајте се: тие ги ослепија другите, и сами ослепеа; тие се пијани, но не од вино, – се занесуваат, но не од сикер; зашто Господ испрати врз вас дух на успивање и ги затвори вашите очи, о пророци, и ги сокри вашите глави, о јасновидци! И секое пророштво за вас е она исто, што се зборовите во запечатената книга, што му ја даваат на оној, кој знае да чита книга, и велат: »Прочитај ја«, а тој одговара: »не можам, зашто е запечатена.« И му ја даваат книгата на оној, кој не знае да чита, и велат: »Прочитај ја«; и тој одговара: »Не знам да читам.« И рече Господ: »Бидејќи овој народ се приближува кон Мене со устата своја, и со јазикот свој Ме почитува, а срцето негово му останува далеку од Мене, и почитувањето нивно пред Мене е само научено човечко правило; затоа, ете, Јас ќе постапам пак необично со овој народ, чудно и чудесно, така што мудроста на мудреците негови ќе загине, и разум во разумните нема да има.« Тешко на оние што мислат да се сокријат во длабочината, за да го скријат кроежот од Господа, кои ги вршат делата свои во мрак и велат: »кој ќе нѐ види, и кој ќе нѐ дознае?« Каква неразумност? Можеме ли да го сметаме грнчарот за глина? Ќе каже ли делото за оној што го направил: тој не ме направи? И ќе каже ли направеното за мајсторот свој: тој не разбира? Уште малку, сосема малку, и Ливан нема ли да се претвори во градина, а градината нема ли да се претвори во гора? И во тој ден глувите ќе ги чујат зборовите од книгата, и очите на слепите ќе прогледаат од темнината и мракот. И оние што страдаат, сѐ повеќе и повеќе ќе се радуваат во Господа, а сиромасите и бедните луѓе ќе воскликнуваат во Светецот Израилев; зашто нема повеќе да има силник, хулител ќе исчезне; а ќе бидат истребени и сите што смислуваат зло, кои го збркуваат човекот со зборови и му распнуваат мрежи на оној, кој бара суд кај портите и го отфрлаат правиот. Затоа така вели Господ за Јакововиот дом, Оној, Кој го откупи Авраама: тогаш Јаков нема да биде во срам и лицето негово веќе нема да побледува. Зашто кога ќе ги види околу себе децата свои, дело на Моите раце, тој свето ќе го почита името Мое и свето ќе го почитува Светецот Јаковов, со трепет ќе стои пред Бога Израилев. Тогаш оние што се со духот заблудени ќе ја познаат мудроста, и непокорните ќе се вразумат. Тешко им на непокорните синови, вели Господ, кои се советуваат, но без Мене, и склучуваат сојузи, но не според Мојот дух, за да додаваат грев врз грев: а да не ја прашаат устата Моја, одат во Египет, за да се поткрепуваат со силата на Фараонот и да се сокријат под сенката на Египет. Но силата Фараонова ќе биде срам за вас, а засолништето под сенката на Египет – безчестие; зашто кнезовите негови веќе се во Соан, а гласниците негови стигнале до Ханес. Сите тие ќе бидат посрамени заради народот, кој е бескорисен за нив; од него нема да има ни помош, ни корист, туку – срам и позор. Натоварени животни одат кон југ, по земјата на гнетот и притеснувањето, од каде што излегуваа лавови и лавици, змии и змејови што летаат; тие ги носат на грбот на осли своите богатства и врз грбовите на камили – своите ризници кон народ, кој нема да ми донесе полза. Зашто помошта од Египет ќе биде залудна и без корист; затоа Јас им реков: нивната сила е да седат спокојно. Сега оди, нацртај им го тоа на штичка, и запиши го во книга, за да остане за во иднина, засекогаш и довека. Зашто тоа е народ непокорен, деца лажливи, деца, кои не сакаат да го слушаат законот Господов, кои им говорат на јасновидците: »престанете да предвидувате«, и на пророците: »не ни пророкувајте правда, говорете ни ласкаво, претскажувајте го она што ни е пријатно; слезете, тргнете се од патеката; отстранете го од очите наши Светецот Израилев.« Затоа вака вели Светецот Израилев: бидејќи вие го отфрливте тоа слово, а се надевате на измама и неправда, и се облегнувате на тоа, затоа ова беззаконие ќе биде за вас како пукнатина надвисната за да падне, чие уривање ќе стане ненадејно, во еден миг. И Он ќе ја скрши, како што кршат глинен сад, разбивајќи го немилосрдно, така што во кршот да не се најде ни парченци, со кое да се земе оган од огниште, или да се зафати вода од вир; зашто вака вели Господ Бог, Светецот Израилев: »Ако останевте на местото и мирувавте, ќе се спасевте; во тишината и надежта е вашата сила, но вие не сакавте и велевте: ‚не, ние ќе избегаме на коњи‘, – затоа и ќе бегате; ‚ние со брзи коњи ќе избегаме‘ – затоа и оние што ве гонат, ќе бидат брзи. Од стравот на еден илјада ќе бегате, од стравот на петмина ќе бегате така, што вашиот остаток ќе биде како граничен знак на врвот од планината и како знаме на рид.« И затоа Господ не брза да ве помилува, и затоа уште се воздржува, за да се смили над вас; зашто Господ е Бог на правдата – блажени се сите што се надеваат на Него! Народот ќе живее во Сион, во Ерусалим; ти нема многу да плачеш, Бог ќе те помилува, по гласот на твојот плач, и штом ќе го чуе, – ќе ти одговори. И ќе ви даде Господ леб кога сте во мака и вода по потреба; твојот Учител нема повеќе да се крие, а очите твои ќе Го гледаат твојот Учител; аки свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас – ете го патот, врвете по него! Тогаш ќе ги сметаш за одвратност излиените од твое сребро идоли и опковани од твое злато кипови; ти ќе ги фрлиш како нечистотија; ќе им речеш – иставете се оттука. И Он ќе даде дожд врз твоето семе, со кое ќе ги засееш нивите, а лебот, што го раѓа земјата, и тој ќе биде изобилен и вкусен; стадата твои во тој ден ќе пасат по широки пасишта. Воловите и ослите, што ги обработуваат нивните, ќе јадат посолена крма, исчистена со лопата и веалка. По секоја висока гора и по секој издигнат рид ќе потечат бразди, потоци вода, во денот на големиот пораз, кога ќе паднат кулите. И светилната на месечината ќе биде како светлина на сонцето, а светлината на сонцето ќе биде седумпати посветла, отколку светлина на седум дена, во тој ден, кога Господ ќе ја преврзе раната на Својот народ и ќе ги излекува неговите рани. Ете, името на Господа иде од далеку; гневот Негов гори, пламенот Негов е силен; устата Негова е полна со негодување, а јазикот Негов е како оган, што голта; дишењето Негово е како разлеан поток, кој се крева дури до вратот, за да ги просее народите до истоштување; и во челустите на народите ќе има узда, што ќе ја упатува кон заблуда. А кај вас ќе има песни, како преку ноќта на свештен празник, и веселба во срцето, како кај оној што оди со свирка на гората Господова, кон тврдината Израилева. И ќе загрми Господ со Својот величествен глас и ќе им го покаже замавот на Својата мишка со силен гнев и со пламен огнен, кој сѐ проголтува, во бура, во силен дожд и во град. Зашто од гласот на Господа ќе стрепне Асур, поразуван со жезло. И секое движење спрема определениот му жезол, кој Господ ќе го управи против него, ќе биде со тимпани и гитари, и Он ќе оди на опустошувачка војна против него. Зашто Тофет веќе одамна е подготвен; тој е подготвен и за царот – длабок и широк; во кладата негова има многу оган и дрва; здивот на Господа, како поток од сулфур, ќе го запали. Тешко им на оние што одат во Египет за помош: кои се надеваат на коњи и се потпираат на коли бојни, зашто биле многу, и на коњаници, зашто биле многу силни, а на Светецот Израилев не погледнуваат и кон Господа не прибегнуваат! Но премудар е Он; и ќе испрати беда, и нема да ги измени зборовите Свои; ќе се крене против домот на нечесните и против помошта на оние, што вршат беззаконие. Египтјаните се луѓе а не Бог; и коњите нивни им се тело, а не дух. Ќе ја протегне раката Своја Господ, и ќе се сопне заштитникот, ќе падне заштитуваниот и сите заедно ќе загинат. Зашто вака им рече Господ: »Како лав, како лавче, кое рика над пленот свој, макар и многу овчари да му викаат, од викањето нивно нема ни да трепне и пред нивното множество нема да отстапи, – така Господ Саваот ќе слезе да војува за гората Сион и за нејзиниот рид. Како птиците – пиленцата, така Господ Саваот ќе го покрие Ерусалим, ќе го заштити и ќе го избави, ќе го сожали и ќе го спаси.« Обрнете се кон Оној, од Кого толку сте отстапиле, синови Израилеви! Во тој ден секој човек ќе ги отфрли своите сребрени и златни идоли, што рацете ваши ги направија вам за грев. И Асур ќе падне не од човечки меч, нема човечки меч да го премавне, – тој ќе избега од мечот; младите негови ќе плаќаат данок. И од страв тој ќе избега покрај тврдината своја; кнезовите негови ќе се плашат од знак, вели Господ, чиј оган е на Сион, а огништето – во Ерусалим. Ете, царот ќе царува по правда, а кнезовите ќе управуваат по закон; секој од нив ќе биде како заштита од ветар и засолниште за лошо време, како водни извори во степи, како сенка од висока карпа во жедна земја. И очите на оние што гледаат нема да бида закривани; ушите на оние што слушаат, ќе внимаваат. И срцето на лесномислените ќе умее да расудува; оние што говорат на нос, ќе говорат јасно. Простакот нема повеќе да го нарекуваат чесен, а за подмолниот нема да велат дека е честит. Зашто простакот говори глупости и срцето негово мисли на беззаконие, за да дејствува лицемерно и да искажува хула проти Господа, да ја лишува од леб душата на гладниот и да го одзема пиењето од жедниот. Кај подмолниот и средствата се погибелни: тој прави стапици, за да го погуби сиромавиот со лажливи зборови, макар што сиромавиот и да е прав. А чесниот мисли на чесното и цврсто стои во сѐ што е чесно. Жени безгрижни, застанете, чујте го гласот мој; ќерки немирни, приклонете го увото кон зборовите Мои. Уште една година и неколку дена, и ќе се ужаснете вие, безгрижни! Гроздобер нема да има и време за жетва нема да настане. Стреснете се вие, безгрижни! Ужаснете се вие, невнимателни! Соблечете се, оголете се и крстот препашете го. Ќе се бијат во гради за прекрасните полиња, за родната лоза. Во земјата на народот Мој ќе растат трње и боцки; така ќе биде и во сите домови во градот што ликува; зашто дворците ќе бидат оставени, шумниот град ќе биде напуштен; Офел и кулата ќе станат место пештери – прибежеште на диви осли и на стада што пасат. Додека не се излие врз нас Духот одозгора, и пустињата не стане градина, и градината не почнат да ја сметаат за шума. Тогаш ќе се воведе суд во таа пустиња, и правда ќе преуспева во плодоносното поле. Дело на правдата ќе биде мирот, и плод на правосудството – спокојство и безопасност засекогаш. Тогаш народот Мој ќе живее во мирни живеалишта и во безопасни села и во пребивалишта на блажените. И град ќе паѓа врз гората; градот ќе слезе во долината. Блажени сте вие, што сеете при сите води и што испраќате таму и вол и осел. Тешко тебе, опустошителе, кој не си бил опустошуван; грабачу, што не си ограбуван! Кога ќе го завршиш опустошувањето, ќе бидеш опустошен и ти; кога ќе прекратиш со грабежите, и тебе ќе те ограбат. Господи, помилуј нѐ, на Тебе се надеваме! Биди наша мишка од рани зори и наше спасение во неволја! Од страшниот глас Твој ќе избегаат народите; кога ќе се кренеш, ќе се распрснат племињата, ќе го истребат пленот ваш, како што гасеница истребува; ќе се нафрлат врз неа, како што скакулци се нафрлуваат. Возвишен е Господ, Кој живее во висините; Он ќе го исполни Сион со суд и правда. Ќе настанат твоите безопасни времиња, изобилно спасение, мудрост и знаење; стравот од Господа ќе биде твоето богатство. Ете, нивните јунаци викаат по улиците; пратениците за мир горко плачат. Патиштата запустеа; патници веќе нема; Он го наруши договорот, го разурна градот, – за ништо не ги смета луѓето. Земјата тагува, се суши; Ливан е посрамен, овенат; Сарон заприлега на пустиња, а Васан и Кармил се оголени од лисјата свои. Сега ќе станам, вели Господ, сега ќе се издигнам, сега ќе се возвисам. Сено сте зачнале, слама ќе родите; дишењето ви е оган, кој ќе ве голтне. И народите ќе бидат како вар, што врие, како пресечено трње ќе бидат изгорени во оган. Слушајте, вие, далечни, што ќе направам; и вие, блиски, познајте ја Мојата моќ. Се уплашија грешниците на Сион; морници ги обзедоа нечесните: »Кој од нас може да живее при оган што голта? Кој од нас може да живее при вечен пламен?« Оној, што оди во правда и говори вистина; кој презира печалба преку угнетување, ги воздржува рацете свои од подароци, ги затина ушите за да не слуша за крвнина, и ги затвора очите да не го гледа злото, – тој ќе живее на висините: засолниште му се непристапните карпи; ќе му се даде леб; водата негова нема да пресуши. Очите твои ќе го видат Царот во Неговата убавина, ќе видат далечна земја; само срцето твое ќе си спомни за ужасите: »Каде е оној, што пребројуваше? Каде е оној, што го одмеруваше данокот? Каде е оној, што ги надгледуваше кулите?« Нема повеќе да видиш народ свиреп, народ со неразбирлив збор, со јазик туѓ, несфатлив. Погледни го Сион, градот на вашите празнични собранија; очите твои ќе го видат Ерусалим, мирно живеалиште и непоколеблива скинија; столбовите нејзини никогаш нема да се помрднат, и ниедно од јажињата нема да се скине. Таму кај нас великиот Господ ќе биде место реки, место широки канали; таму нема да влезе ниедна лаѓа со весла, ниту ќе премине голем кораб. Зашто Господ е наш судија, Господ е наш законодавец, Господ е наш цар: Он ќе нѐ спаси. Ослабнаа јажињата твои, не можат да ги додржат јарболите и да ги затегнат платната. Тогаш ќе има голем дележ на плен, така и сакатите ќе тргнат по грабеж. И ниеден од жителите нема да каже: »болен сум«; па на народот што живее таму ќе му бидат простени гревовите. Пристапете, народи; слушајте и внимавајте, племиња! Нека слуша земјата и сѐ што ја исполнува, вселената и сѐ што се раѓа во неа! Зашто гневот на Господа е врз сите народи, а јароста Негова врз целата нивна војска. Он ќе ги уништи, ќе ги предаде на погибел. И нивните убиени ќе бидат расфрлани, и од труповите нивни ќе се крене смрдеа; по планините ќе потече нивна крв. И ќе излезе сета небесна војска, и небото ќе се свитка како книжен свиок; сета војска нивна ќе падне, како што паѓа лист од лоза, како свенат лист – од смоква. Зашто мечот Мој се опи на небото: ете, за суд слегува тој над Едом и над народот, за да биде казнет народот што го проколнав. Мечот Господов ќе се насити со крв, ќе се здебели од маснотија, од јагнешка и козја крв, од маснотиите на овнешките бубрези: зашто Господ има жртва во Восор, и голем колеж во земјата Едомска. И биволи ќе паднат со нив и телиња заедно со волови, земјата ќе се опие од крвта нивна, а правот нивни ќе се здебели од маснотија. Зашто настапи денот за одмазда Господова, годината на отплата за Сион. И реките негови ќе се претворат во катран, а правот негов – во сулфур; и земјата негова ќе биде запален катран; нема да гасне ни дење, ни ноќе; и димот нејзин вечно ќе излегува, од род во род ќе остане запустена; засекогаш нема да мине никој по неа; И ќе ја завладеат пеликани и ежови, буфови и гаварни ќе се населат во неа; и ќе протегнат по неа јаже за разорување и мера за унишутвање. Никој нема да остане таму од нејзините старешини, кои ќе ги повикаат да бидат цареви; сите кнезови нејзини ќе бидат уништени. Дворците нејзини ќе обраснат со трње, а тврдините нејзини – со коприва и пиреј; таа ќе им биде живеалиште на шакалите, сврталиште на ноеви. Ѕверови пустински ќе се среќаваат со диви мечки, козли ќе се повикуваат еден на друг; таму вештерки ќе се одмараат и ќе наоѓаат спокојство. Таму ќе свие гнездо змија што лета, ќе несе јајца, ќе веде малечки и ќе ги собира под сенката своја; таму и јастреби ќе се собираат еден со друг. Најдете во книгата Господова и прочитајте; ниедно од тие нема да одмине, едно со друго нема да се замени. Оти самата Негова уста заповеда, самиот дух Негов ќе ги собере. Зашто Он Самиот им фрли жреб, Неговата рака ќе им ја раздели со мерка; засекогаш тие ќе ја владеат, од род во род ќе живеат во неа. Ќе се развесели пустињата и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин; прекрасно ќе цути и ќе се радува, ќе ликува и ќе се весели; славата на Ливан ќе му се даде, великолепието на Кармил и Сарон; тие ќе ја видат славата на Господа, величината на нашиот Бог. Закрепнете ослабени раце и зајакнете колена што треперите; кажете им на плашливите со дух: бидете цврсти, не плашете се: ете, вашиот Бог иде со одмазда, со отплата Божја: Он ќе дојде и ќе ве спаси. Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се отнат; тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее; зашто води ќе бликнат во пустињата, и потоци во степите. И водниот привид ќе се претвори во езеро, а жедната земја – во водни извори; во живеалиштето на шакалите, каде што тие се одмараат – ќе стане место за трска и рогозина. И таму ќе има друм, и патот по него ќе се нарече свет пат; нечистиот нема да оди по него; тој ќе биде само за нив; оние што одат по тој пат, дури и неискусните – нема да се загубат. Лав нема да има таму, и лута ѕверка нема да се качува по него; тој нема да се најде таму, и ќе одат само откупените. Ќе се вратат избавените од Господа, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат. Во четиринаесеттата година на царот Езекија, асирскиот цар Сенахерим, стана против сите утврдени градови на Јудеја и ги презеде. Тогаш асирскиот цар го прати Рапсака со голема војска од Лахис во Еурсалим при царот Езекија; и тој се запре кај водоводот на горниот водостој по патот за нивата на валавичарот. И излезе при него Елијаким, Хелкиевиот син, началник на дворецот, и писарот Севна, и летописецот Јоах, Асафовиот син. И им рече Рапсак: »Кажете му на Езекија: вака вели големиот цар, царот асирски: каква е таа надеж, на која се надеваш? Јас мислам, дека се тоа само празни зборови, а за војна се потребни совет и сила: и така, на кого се надеваш ти, па си се одметнал од мене? Ете, ти многу се потпираш на Египет, на таа скршена трска, која, ако некој се потрпе на неа, ќе му влезе во раката и ќе ја прободе. Таков е Фараонот, царот египетски, за сите, кои се надеваат на него. Ако ли ми кажеш: се надеваме на Господа, нашиот Бог, – тогаш на оној ли, чии светилишта и жртвеници ги замени Езекија и му кажа на Јуда и на Ерусалим: ‚само пред овој жртвеник клањајте се?‘ И така, влези во сојуз со мојот господар, царот асирски; – ќе ти дадам две илјади коњи; можеш ли да испратиш јавачи за нив? Па како сакаш да го натераш да отстапи водачот, еден од најмладите слуги на мојот господар, надевајќи се на Египет, заради коли бојни и коњи? Та зар јас без волјата на Господа тргнав против оваа земја, за да ја разорам? Господ ми рече: оди против таа земја и разори ја.« Тогаш Елијаким, Севна и Јоах му рекоа на Рапсака: »Говори им на слугите твои на арамејски, зашто ние разбираме, а не ни говори по јудејски, за да чуе народот, кој е на ѕидините.« И Рапсак рече: »Зар само при твојот господар и при тебе ме испрати господарот мој да ги кажам овие зборови? Не, исто така и при луѓето, што седат по ѕидините, за да го јадат со вас изметот свој и да ја пијат мочта своја.« Тогаш стана Рапсак и извика со висок глас по јудејски и рече: »Чујте ги зборовите на големиот цар, асирскиот цар! Вака вели царот: нека не ве мами Езекија, зашто тој не може да ве спаси; И нека не ви дава надеж Езекија во Господа, велејќи: ‚Господ ќе нѐ спаси; овој град нема да биде предаден во рацете на царот асирски.‘ Не го слушајте Езекија, зашто вака говори царот асирски: примирете се со мене и излезете пред мене, и секој нека го јаде плодот од лозјето свое и од смоквата своја и секој нека пие вода од својот кладенец, додека не дојдам и ве земам во исто таква земја, каква што е и вашата земја, во земја на леб и вино, во земја на плодови и лозја. И така, да не ве мами Езекија, велејќи: ‚Господ ќе нѐ спаси‘. Боговите на народите ја спасија ли, секој својата земја од раката на асирскиот цар? Каде се боговите на Емат и Арпад? Каде се боговите на Сепарваим? Ја спасија ли тие Самарија од мојата рака? Кој од сите богови на тие земји ја спаси земјата своја од мојата рака? Та зар Господ ќе го спаси Ерусалим од мојата рака?« Но тие молчеа и не му одговорија ни збор, зашто од царот беше дадена повелба: не му одговарајте. Тогаш отиде Елијаким, синот Хелкиев, началник на дворецот, и Севна писарот, и Јоах, син Асафов, летописец при Езекија, со раскината облека, и му ги предадоа зборовите на Рапсака. Штом го чу тоа царот Езекија, ја раскина својата облека и се покри со вреќиште, па отиде во домот Господов; ги повика началникот на дворецот Елијакима, и писарот Севна, и старешините на свештениците, покриени со вреќишта при пророкот Исаија, син Амосов. И тие му рекоа: »Вака вели Езекија: овој ден е ден на жалоста, казна и срам, зашто новороденчињата дојдеа до отворот на мајчината утроба, но сила нема за раѓање. Можеби, Господ, твојот Бог, ќе ги чуе зборовите на Рапсака, кого асирскиот цар, негов господар, го прати да Го навредува живиот Бог и да се подбива со зборовите, кои ги чу Господ, твојот Бог; за тоа принеси молитва за другите, што се уште живи.« И отидоа слугите на царот Езекија при Исаија. И им рече Исаија: »Вака кажете му на вашиот господар: вака вели Господ: не плаши со од зборовите што ги чу, со кои Ме навредуваат слугите на асирскиот цар. Ете, Јас ќе испратам во него дух, и тој ќе чуе вест и ќе се врати во земјата своја, и Јас ќе го поразам со меч во неговата земја.« Тогаш Рапсак се врати и најде дека асирскиот цар војува против Ливна; зашто беше чул, оти господарот негов се повлекол од Лахис. И тој чу за Тирхака, царот етиопски; нему му беа рекли: ете, тој излезе да војува со тебе. Кога го чу тоа, тој испрати гласници, при Езекија, велејќи: »Вака кажете му на Езекија, царот Јудејски: нека не те мами твојот Бог, на Кого се надеваш, велејќи: Ерусалим нема да биде предаден во рацете на царот асирски. Ете, ти си чул што направија асирските цареви со сите земји, ставајќи врз нив клетва; та ти ли ќе се избавиш? Боговите на народите, кои татковците мои ги разорија, ги спасија ли, го спасија ли Гозан и Харан, Рецеф и синовите не Еден, што се во Таласар? Каде е царот ематски, и царот арпадски, и царот на градот Сефарваим, Ена и Ива?« И го зеде Езекија писмото од рацете на пратениците и го прочита, па отиде Езекија во домот Господов и го отвори пред лицето Господово; се помоли Езекија пред лицето на Господ и рече: »Господе Саваоте, Боже Израилев, Кој седиш на херувими! Ти единствен си Бог на сите земни царства: Ти си ги создал небото и земјата. Приклони го, Господи, увото Свое и чуј; отвори ги, Господи, очите Свои и погледај, чуј ги зборовите на Сенахерима, кој испрати да хулат на Тебе, живиот Бог. Навистина, Господи, асирските цареви ги опустошија сите краишта и земјите нивни. Тие ги изнафрлаа во оган боговите ниви; но тоа не беа богови, туку изработки од човечки раце, дрво и камен, затоа и ги уништија. И сега, Господи, Боже наш, спаси нѐ од раката негова: тогаш ќе дознаат сите земни царства, дека Ти, Господи, си единствен Бог.« И испрати Исаија, синот Амосов, до Езекија да кажат: вака вели Господ, Бог Израилев: »За она што ти Ми се молеше против Сенахерима, царот асирски, – еве го словото што Господ го изрече за него: ќе те презре, ќе ти се потсмее девицата, ќерката Сионова, ќе ја заниша главата по тебе ќерката ерусалимска. Кога ти прекоруваше и навредуваше? Против кого го подигна гласот и ги крена толку високо очите свои? Против Светецот Израилев. Преку слугите свои ти го прекоруваше Господа, велејќи: ‚Со множеството мои коли се искачив на врвот од планините, врз ребрата на Ливан, ги исеков високите негови кедри, убавите негови кипариси, и стигнав до самиот врв негов, и до горичката негова; и ископав и пиев вода; и со стапките на нозете свои ќе ги исушам сите реки египетски.‘ Зар не си чул, дека Јас одамна го направив тоа, во стари дни го преднацртав, а сега го исполнив со тоа, дека ти го опустошуваш силните градови, претворајќи ги во купишта урнатини? Жителите нивни изнемоштеа; треперат и остануваат во срам; станале како трева по полето и нежно тревно растение, како тревки по покривите и препламнато жито пред да биде искласано. Ќе седнеш ли, ќе излезеш ли, или ќе влезеш – Јас знам сѐ, ја знам и дрскоста твоја против Мене. За твојата дрскост против Мене и за тоа, дека твојата надуеност дојде до ушите Мои, ќе ја ставам алката Своја во ноздрите твои и уздата Своја – во устата твоја; ќе те вратам назад по истиот пат, по кој си дошол. И, ете, ти, Езекија, доказ: јадете го оваа година израснатото од паднатото зрно, а во другата година – самоизраснатото; на третата, пак, година сејте и жнејте, садете лозја и јадете ги плодовите нивни. Зашто преживеаните во домот Јудин, тие што ќе останат, пак ќе пуштат корен долу и ќе дадат плод горе, оти од Ерусалим ќе произлезе остатокот, и од градот Сион – спасението. Тоа ќе го изврши ревноста на Господа Саваот.« Поради тоа вака вели Господ за асирскиот цар: »нема да влезе тој во овој град, ниту ќе фрли таму стрела, и нема да се доближи до него со штит, ниту ќе ископа опкоп околу него; по кој пат дошол, по истиот и ќе се врати, но во тој град нема да влезе, вели Господ. Јас ќе го бранам овој град, за да го спасам поради Себе и заради Мојот слуга Давида.« Тогаш излезе ангел Господов и погуби во асирскиот логор сто и осумдесет и пет илјади души. Утредента станаа, и, ете, насекаде имаше само мртви тела. И отстапи Сенахирим, царот асирски, та си отиде, се врати и живееше во Ниневија. И кога се клањаше во домот на својот бог Нимрох, синовите негови Адрамелех и Сарасар го убија со меч, а самите избегаа во Араратската земја. И место него стана цар синот негов Асардан. Во тие дни Езекија се разболе смртно. И дојде кај него пророкот Исаија, синот Амосов, и му рече: »Вака вели Господ: направи завет за домот свој, зашто ќе умреш, нема да оздравиш.« Тогаш Езекија се сврте со лицето кон ѕидот и се помоли на Господа велејќи: »О, Господи! Сети се, дека јас одев пред Твоето лице верно и со предано срце кон Тебе и вршев она што беше угодно пред Твоите очи.« И силно заплака Езекија. И дојде словото Господово кон Исаија и му беше речено: »Оди, кажи му на Езекија: вака вели Господ, Бог на татка ти Давида: ја чув твојата молитва, ги видов твоите солзи, и ете, додавам кон твоите дни уште петнаесет години, ќе те спасам тебе и овој град од раката на царот асирски. Да, ќе го зачувам тој град. И, еве ти знак од Господа, дека Господ ќе го исполни словото, што го изрече. Еве, ќе ја вратам десет стапки назад сончевата сенка, која мина по стапките Ахазови.« И се врати сонцето десет стапки по стапките, по кои тоа слегуваше. Молитвата на јудејскиот цар Езекија, кога беше болен и оздраве од болеста: »Си реков во себеси: кога ги преполовив дните свои, треба да влезам во портите на пеколот; јас сум лишен од остатокот на годините свои. Јас реков: нема да Го видам Господа, Господа во земјата на живите; нема да видам повеќе човек меѓу оние што живеат во светот; моето живеалиште се симна од местото и се оддалечени од мене како овчарски шатор; како ткаач треба да го пресечам животот свој; Он ќе ме отсече од основа; дење и ноќе чекав, дека Ти ќе пратиш смрт. Чекав до утрото; како лав Он ги кршеше сите мои коски; ден и ноќ чекав дека ќе ми испрати смрт. Како жерав, како ластовичка испуштав гласови, како гулаб тагував; очите мои гледаа кон небото: Господи, притеснет сум, спаси ме. Што да кажам? Тој ми рече, и Тој направи. Мирно ќе ги поминам сите години на животот свој, помнејќи ја тагата на душата своја. Господи, така живеат, и во сето тоа за Тебе ќе живее мојот дух; Ти ќе ме излекуваш, ќе ми даруваш живот. Ете, за добро ми беше силната тага, Ти ја спаси душата моја од погибелниот ров, ги фрли зад грбот Свој сите мои гревови. Зашто не пеколот Тебе Те слави, не смртта Тебе те восфалува, не слезените во гроб се надеваат на Твојата вистина. Живите, само живите ќе Те прослават, како јас сега; таткото ќе им ја соопшти на децата Твојата вистина. Господ ќе ме спаси; и ние во сите дни на нашиот живот со звуците на моите жици ќе пееме песни во домот Господов.« Тогаш рече Исаија: »Нека донесат суви смокви, нека ги изгмечат и нека ги стават врз чирот; и царот ќе оздрави.« А Езекија рече: »Кој е знакот, дека ќе отидам во домот Господов?« Во тоа време вавилонскиот цар Меродах Валадан, син Валаданов, испрати до Езекија писмо и дарови, зашто беше чул, оти тој бил болен и оздравел. Им се зарадува Езекија на гласниците и им ја покажа својата ризница, среброто и златото, пријатните мириси и скапоцените масла, целата своја оружница и сѐ што се наоѓаше во неговата ризница, – не остана ништо, што не им го покажа Езекија во домот свој и по целото свое владение. Тогаш дојде пророкот Исаија при царот Езекија и му рече: »Што рекоа овие луѓе? Од каде дојдоа при тебе?« Езекија одговори: »Од далечна земја дојдоа тие при мене, од Вавилон.« И праша Исаија: »Што видоа тие во твојот дом?« Езекија одговори: »Видоа сѐ, што има во мојот дом; ништо не остана во мојата ризница, што да не им покажав.« И му рече Исаија на Езекија: »Ислушај го словото на Господа Саваот: ете, ќе дојдат дни, и сѐ што има во домот твој и што собрале татковците твои до денес, сѐ ќе биде однесено во Вавилон; ништо нема да остане, вели Господ. Ќе земат и од твоите синови, што ќе произлезат од тебе, што ќе ги родиш, и тие ќе бидат евнуси во дворецот на вавилонскиот цар.« А Езекија му рече на Исаија: »Добро е словото Господово, што ти го изрече; а во себе помисли: барем ќе има мир и сигурност во текот на моите дни.« Утешувајте го, утешувајте го Мојот народ, вели вашиот Бог; говорете му на Ерусалим, што му е по срце, и известувајте го, дека времето на неговата борба се исполни, дека за неправдата му е дадено задоволување, зашто од раката Господова доби двојно за сите свои гревови. Гласот на оној што вика во пустињата говори: »Пригответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустињата патеките за нашиот Бог; секој дол да се исполни, секоја планина и рид да се снизат; кривините да се исправат, и нерамните патишта да бидат израмнети; и ќе се јави славата Господова, и секоја плот ќе го види спасението од Бога; зашто устата Господова го изрече тоа.« Гласот говореше: »Разгласувај!« и рече: »Што да разгласувам?« – »Секоја плот е трева, сета убавина нејзина е како полско цвеќе. Тревата се исушува, цвеќето овенува, штом ќе дувне врз него здивот на Господа: така е и народот како трева. Тревата се суши, цвеќето свенува, а словото на нашиот Бог останува вечно.« Искачи се на високата гора Сион, ти кој јавуваш добри вести за Сион, извиши го силно гласот свој, благоизвестителе Ерусалиме, подигни го, не плаши се. Кажи им на градовите Јудини: еве Го вашиот Бог! Ете, Господ Бог иде со сила и мишката Негова е со власт. Ете, наградата Му е со Него, а отплатата Му е пред лицето Негово. Како пастир ќе го пасе Он стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Он во рацете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води дојдените. Кој ги исцрпел водите со раката своја и со педа го измерил небото, и со мерка го измерил правот земен, кој ги измерил на терезија планините и ридовите? Кој го разбрал Духот на Господа, и Му бил Нему советник и Го учел? Со кого се советувал Он, и кој Го вразумувал и Го поучувал во патот на правдата, и Го учел на знаење и Му го покажувал патот на мудроста? Ете, народите се како капка од ведро, и се сметаат како прашинка на терезија. Ете, островите Он ги подигна како прашинки. Ни Ливан не стигнува за жртвен оган, ни животните по него – за сепаленица. Сите народи пред Него се како ништо, – за Него се помалку од ништо, и помалку се од суетата. И така, со кого ќе Го споредите Бога, и каква подобност ќе Му најдете? Уметникот го излева идолот, а златарот го покрива со злато и му додава сребрени веришки. А кој е сиромав и нема што да му принесе, тој избира дрво, кое не гние, па бара искусен уметник за да направи идол, што ќе стои цврсто. Зар не знаете? Зар не сте слушале? Зар не ви е зборувано во почетокот? Зар не сте го разбрале тоа по основите на земјата? Он е Оној, Кој седи над кругот на земјата, а оние, што живеат на неа, се како скакулци пред Него; Он ги распослал небесата како танко платно и ги распнал како шатор за живеење. Он ги претвора кнезовите во ништо, судиите земни ги прави да бидат ништожни. Одвај посадени, одвај посеани, одвај се закоренил во земјата стракот нивни, штом Он ќе дувне врз нив, тие се исушуваат; виорот ги однесува како плева. »Со кого ќе Ме изедначите и со кого ќе Ме споредите?« – вели Светецот. Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Он сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ и големата сила во Него ништо не недостига. А како говориш ти, Јакове, и велиш, Израиле: »Патот ми е сокриен од Господа, делото мое е заборавено пред мојот Бог?« Зар не знаеш? Зар не си слушал дека вечниот Господ Бог, Кој ги создал краиштата на земјата, не се изморува и не изнемоштува; Неговиот разум е неиспитлив. Он му дава сила на уморениот и му дарува јачина на изнемоштениот. Се уморуваат и момчињата и ослабуваат, и млади луѓе паѓаат, а оние кои се надеваат на Господа, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат. Молкнете пред Мене, острови, и нека народите ги обноват силите свои; нека се приближат и нека речат: да излеземе заедно на суд. Кој Го издига од исток Праведникот, кој Го повикува да оди пред Него? Кој Му ги предаде народите и Му ги покори царевите? Он ги претвори во прав со Неговиот меч, со Неговиот лак – во плева, развеана од ветар. Он ги гонеше, одеше спокојно по патот, по кој никогаш не беше одел со нозете свои. Кој го направи и изврши тоа? Оној, Кој во почетокот ги повика родовите; Јас, Господ, Јас сум првиот, и меѓу последните – Јас сум истиот. Островите видоа и се ужасија, краиштата земни затреперија. Тие се зближија и се собраа; секој му помага на другарот свој и му вели на братот свој: »Држи се!« Ковачот го бодри леарот; кој ги сплескува со чекан листовите, му одобрува на оној, што кова на ковална, велејќи за спојката: »добра е«; и ја зацврстува со клинци, за да биде цврста. »А ти, ти Израиле, слуго Мој, Јакове, кого Јас те избрав, семе на Авраама, пријателе Мој, ти, кого го зедов од краиштата на земјата и го повикав од краиштата нејзини, и ти реков: Ти си Мој слуга, Јас те избрав и нема да те отфрлам. Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; не се вознемирувај, зашто Јас сум Бог твој; Јас ќе те закрепам и ќе ти помогнам, ќе те поддржам со десницата на Мојата правда.« Ете, постидени и засрамени ќе останат сите, што се наежени против тебе, – ќе бидат како ништо и ќе загинат оние што се препираат со тебе. Ќе ги бараш – и нема да ги најдеш, нив, кои непријателствуваат против тебе; кои се борат со тебе; ќе бидат како ништо, наполно ништо; зашто Јас сум Господ, Бог твој; те држам за твојата десна рака, ти велам: »не плаши се, Јас ти помагам.« »Не се плаши, црву Јакове, малуброен Израиле, – Јас ти помагам, вели Господ, Јас твој Искупител, Светецот Израилев.« Ете, Јас ќе ти направам остар дикел, нов, назабен; ти ќе ги кршиш и ќе ги ситниш планините, и ридовите ќе ги направиш како прав. Ти ќе вееш, ветрот ќе ги разнесе, и виорот ќе ги развее; а ти ќе се зарадуваш во Господа, ќе се фалиш со Светецот Израилев. Сиромаси и неимотни бараат вода, и нема, јазикот им се исушува од жед: Јас, Господ ќе ги чујам, Јас, Бог Израилев, нема да ги оставам. Ќе отворам реки на врвот од горите и извори среде долини; пустињата ќе ја направам езеро и сувата земја – водни извори; ќе насадам во пустиња кедар, ситим, мирта и маслинка, ќе насадам во степите кипарис, јавор и бука наедно, за да видат и познаат, и да ги разгледаат и разберат, дека раката Господова го направи тоа, дека Светецот Израилев го создаде тоа. Претставете го делото свое, вели Господ; дајте ги доказите свои, вели Царот Јаковов. Нека дојдат и нека ни кажат што ќе биде; нека објават нешто, пред да стане, и ние ќе проникнеме со умот свој и ќе дознаеме, што ќе биде потоа, или нека ни претскажат за иднината. Кажете што ќе биде во иднина, и ние ќе познаеме дека сте богови, или направете нешто добро или лошо, за да се зачудиме и заедно со вас да видиме. Но вие сте ништо, и делото ваше е ништожно; одвратен е оној што ве избра. Јас го подигнав од север, и тој ќе дојде; од изгрев сонце ќе го повикува името Мое и ќе ги гази кнезовите како кал, и ќе ги гази, како грнчар глината. Кој објави за тоа од почетокот, за да знаеме, и многу порано, за да можеме да кажеме: »навистина?« Но никој не кажал, никој не објавил, никој не ги чул вашите зборови. Јас прв реков на Сион: »ете го, и му дадов на Ерусалим благовесник.« И така, Јас гледав, и немаше никого, меѓу нив не се најде советник, за да можам да ги прашам, и тие да одговорат. Ете, сите тие се ништо, ништожни се и делата нивни: ветар и ништожност се нивните идоли. Еве го Мојот Слуга, Кого Го држам за рака, Мојот Избраник, кон Кого благоволи душата Моја. Ќе го положам Духот Свој врз Него, и Он ќе им биде суд на народите; нема да викне, ниту да го подигне гласот Свој, нема да дозволи да го чујат на улиците; скршената трска нема да ја здроби, и ленот што тлее нема да го угасне; ќе суди според вистината; нема да ослабне, ниту ќе изнемошти, додека на земјата не утврди суд, народите ќе се надеваат на Неговиот закон. Така вели Господ Бог, Кој ги создал небесата и нивното пространство, Кој ја раширил земјата со нејзините производи, Кој му дава здив на народот што е на неа, и дух на оние што одат по неа. Јас, Господ, Те повикав во правда, цврсто ќе Те држам за рака и ќе Те пазам, ќе те поставам за завет на народот, светлина за незнабошците, за да им ги отвориш очите на слепите, да ги изведеш врзаните од затвор и оние што седат во темнина – од темнина. Јас сум Господ, тоа е Моето име, и нема да ја дадам славата Своја на друг, ниту честа Своја на идоли. Ете, претскажаното порано се зби, и ново ќе известам; пред да стане тоа, Јас ќе ве известам. Пејте Му на Господа нова песна, похвална за Него од земните краишта, вие што пловите по море, и сѐ, што го полни, островите и оние што живеат на нив. Нека издигне глас пустињата и нејзините градови, населбите, каде што живее Кидар; нека ликуваат оние што живеат во карпи, нека воскликнуваат од врвовите горски. Нека Му воздадат слава на Господа, похвалата Негова нека ја возвестат на островите. Господ ќе излезе како исполин, ревноста ќе ја возбуди како војник; ќе извика и ќе подигне војнички вик; ќе се покаже силен против непријателите Свои. Долго молчев Јас, трпев и се воздржував; сега ќе викам како родилка, ќе разурнувам и ќе голтам сѐ. Ќе опустошувам планини и ридови, и сета нивна трева ќе ја исушам; реките ќе ги направам острови, езерата ќе ги исушам. Ќе ги поведам слепите по пат, што тие не го знаат, ќе ги водам по нејзини патеки, темнината ќе ја направа светлина пред нив, а кривите патеки – прави: ете, што ќе направам Јас за нив, и нема да ги оставам. Тогаш ќе се свртат назад и со голем срам ќе се покријат оние, што се надеваат на идоли, кои им велат на идолите: вие сте наши богови. Слушајте, глуви, и гледајте, слепи, за да видите. Кој е толку слеп како што е Мојот слуга, и глув, како што е Мојот пратеник? Кој е толку слеп како што е возљубениот, кој е така слеп, како што е слугата Господов? Ти си видел многу, но не си забележувал; ушите ти биле отворени, но не си слушал. На Господа му било угодно заради правдата Своја да го возвеличи и прослави законот. Но тоа е народ поробен и разграбен; сите тие се врзани во подземја и сокриени во темници; станале плен, и нема спасител, ограбени се, и никој не вели: врати го! Кој од вас го приклонил увото кон тоа, кој викнал и го слушал за иднината? Кој го предаде Јакова на разурнување и Израилот – на грабачи? Не е ли тоа Господ, против Кого згрешивме? Тие не сакаат да одат по патиштата Негови, ниту го слушаат законот Негов. А Он ја излеа врз нив јароста на Својот гнев и жестокоста на војната: ти ги опкружи со пламен од сите страни, но тие не забележуваа; гореше во нив, но тие не го разбраа тоа со срце. А сега вака вели Господ, Кој те создал Јакове, и Кој те образувал, Изариле: не плаши се, зашто Јас те откупив, те нареков според името твое; ти си Мој. Преку води ли ќе минуваш, Јас сум со тебе; преку реки ли – тие нема да те потопат; ако тргнеш преку оган, нема да се изгориш, и пламенот нема да те обгори. Зашто Јас сум Господ, Бог твој, Светецот Израилев, твојот Спасител; откуп за тебе го дадов Египет; Етиопија и Савеја ги дадов за тебе. Бидејќи си скап во очите Мои, многу си ценет; Јас те возљубив, затоа ќе дадам други луѓе за тебе, и народи за твојата душа. Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; од исток ќе го доведам твоето племе и од запад ќе те соберам. На север ќе му кажам: дај; и на југ: не задржувај; доведи ги синовите Мои оддалеку и ќерките Мои – од краиштата земни, секого, кој се нарекува со Моето име, кого сум го создал за Мое прославување, ги создадов и направив. Изведи го слепиот народ, иако има очи, и глувиот, иако има уши. Нека се соберат сите народи заедно, нека се соединат племињата. Кој од нив го претскажал тоа? Нека соопштат што било во почетокот; нека доведат сведоци од себеси и да се оправдаат, за да може да се чуе и да се каже: »вистина е.« А Мои сведоци, вели Господ, сте вие и Мојот слуга, што го избрав, за да знаете и да Ми верувате, да разберете дека сум тоа Јас: пред Мене немаше Бог, и по Мене нема да има. Јас, Јас сум Господ, и нема Спасител освен Мене. Јас предреков и спасив, однапред претскажав а друг немате, вие сте Мои сведоци, оти Јас сум Бог – вели Господ; од почетокот на дните Јас сум ист, никој нема да се спаси од раката Моја; Јас ќе направам, и кој ќе го измени тоа? Така вели Господ, вашиот Изкупител, Светецот Израилев; заради вас испратив во Вавилон и ги исфрлив сите резиња на затворите и Халдејците, кои се гордееја со кораби. Јас сум Господ, вашиот Светец, Создателот на Израилот, вашиот Цар. Така вели Господ, кој отвори во морето пат, по разбранувани води – патека. Кој изведе бојни коли и коњи, војска и сила; сите легнаа наедно, не станаа; угаснаа, како фитил истлееја. Но вие не се сеќавате за поранешното и за некогашното не помислувате. Ете, Јас правам нешто ново; еве сега ќе се јави; зар и тоа не сакате да го знаете? Ќе направам пат низ степи, реки – преку пустиња. Полските ѕверови ќе Ме прослават, шакали и ноеви, зашто ќе им дадам вода во пустињата, реки – во суви степи, за да го појам Мојот избран народ. Овој народ го создадов за Себеси; тој ќе ја разгласува славата Моја. А ти, Јакове, не си Ме викал: ти, Израиле, не си се трудел за Мене. Не си Ми ги принесувал своите јагниња за сепаленица, ниту си Ме почитувал со жртвите свои. Не сум те принудувал да Ми служиш со лебни приноси и не сум ти дотежнувал, барајќи од тебе да Ми кадиш. Не си ми купувал со сребро кадило, ниту си Ме наситувал со мрсно месо од жртвите свои; но со твоите гревови си Ме оптоварувал; со твоите беззаконија си Ми дотежнувал. А Јас, Јас Сам ги бришам твоите престапи заради Самиот Себе и гревовите твои нема да ги спомнам. Спомни Ме; ќе се судиме; говори, за да се оправдаш. Твојот праотец згреши, а твоите застапници отстапија од Мене. Затоа настојниците на светилиштето ги лишив од свештенството, Јакова го предадов на проклетство и Израилот на подбив. А сега слушај, Јакове, слуго Мој, и ти, Израиле, кого Јас го избрав. Вака вели Господ, Кој те создаде и те обликува, Кој ти помага од мајчината утроба: не плаши се, слуго Мој Јакове, и возљубен Мој, кого Јас го избрав; зашто ќе излеам вода врз она што жедува, и потоци врз исушеното; ќе го излеам духот Свој врз твоето племе и благословот Свој – врз твоите потомци. Ќе растат како трева крај извори, како врби крај водни потоци. Еден ќе рече: »Јас сум Господов«, друг ќе се нарече со името на Јакова; а трет ќе напише со раката своја: »Јас сум Господов«, ќе се нарече со името Израилево. Вака вели Господ, Царот на Израилот и неговиот Избавител, Господ Саваот: »Јас сум првиот, Јас сум и последниот; освен Мене нема Бог; зашто кој е како Мене? Нека раскаже тој, да разгласи и по ред да Ми престстави сѐ од она време, кога го устроив древниот народ, нека го разгласат она што настапува и она што ќе биде… Не бојте се и не плашете се: нели оддамна ти соопштив и престкажав? И вие сте Мои сведоци. Има ли Бог освен Мене? Не, друга никаква карпа не знам.« Оние, што прават идоли, сите се ништожни, нивните најсакани не донесуваат никаква корист тие сами се сведоци во тоа. Тие не гледаат, ниту разбираат, и затоа ќе бидат посрамени. Кој направил бог и излеал идол, што не донесува никаква корист? Сите учесници во тоа ќе бидат посрамени, зашто и самите мајстори сепак се луѓе; сите тие нека се соберат и нека застанат; тие ќе се уплашат и сите ќе бидат посрамени. Ковачот прави сечило од железо, со чекан го мазни и се труди над него со силната рака своја до толку, што прегладнува и премалува, не пие вода и изнемоштува. Дрводелецот, откако ќе одбере дрво, влече по него линија, со остар алат го оцртува, потоа изработува лик на убав човек, за да го постави дома. Сече кедри, зема бор и даб, кои ги одбира меѓу шумските дрвја, сади јасен, кого дождот го прави да расте. И тоа му служи на човекот за оган, а дел од него употребува да се топли, да запали оган и да пече леб. А од него прави и бог и му се поклонува, прави идол и паѓа ничкум пред него. Дел од дрвото изгорува во оган, со друг дел вари месо за јадење, си пече печено и јаде до наситување, а исто така се грее и вели: »добро е, се згреав; почувствував топлина.« А од остатоците прави бог, свој идол, му се поклонува, паѓа ничкум пред него и му се моли и вели: »спаси ме, зашто ти си мој бог.« Не знаат, ниту разбираат: Он им ги затворил очите, за да не гледаат, и срцата нивни – за да не разбираат. И не го зема тоа при срце, ниту има до толку знаење и разум да каже: »половината негова ја изгорев на оган и на јагленот негов испеков леб, сварив месо и јадев; а од остатокот зар ќе направам одвратност, зар ќе се клањам на парче дрво?« Разбери дека срцето на идол е од пепел; измаменото срце твое те довело во заблуда, и не може да ја ослободи душата своја и да рече: »нели е измама тоа што е во десната рака моја?« Помни го тоа, Јакове и Израиле, зашто ти си Мој слуга; Јас те создадов; Мој слуга си ти, Израиле, не Ме заборавај. Ќе ги избришам како магла твоите беззаконија, и твоите гравови – како облак; сврти се кон Мене, зашто Јас те откупив. Веселете се, небеса, зашто Господ го направи тоа. Ликувајте, длабочини земни; шумете од радост, гори и шуми и сите дрвја во нив; зашто Господ го откупи Јакова и ќе се прослави во Израилот. Вака вели Господ, Кој те откупи и Кој те обликува во мајчината утроба: Јас сум Господ, Кој сѐ создадов, Сам ги спрострев небесата и со силата Своја ја послав земјата. Јас ги правам ништожни доказите на лажните пророци и на видело го изнесувам безумието на меѓесниците, Јас Кој ги враќам мудреците и знаењето нивно го обрнувам во лудост. Го потврдувам зборот на Својот слуга и го извршувам изреченото од Моите пратеници, му велам на Ерусалим: »Ти ќе бидеш населен« и на градовите Јудини: »Вие ќе бидете изградени; и урнатините негови Јас ќе ги возобновам.« Јас ѝ велам на бездната: »Исуши се!« И реките твои Јас ќе ги исушам. Кој вели за Кира: »Тој е Мој пастир, и тој ќе ја исполни секоја волја Моја« и ќе му рече на Ерусалим: »Ти ќе бидеш одново изграден!« и на храмот »ти ќе бидеш основан!« Вака му вели Господ на Својот помазаник Кира: »Те држам за десната рака, за да ти покорам народи, и ќе ги симнам појасите од бедрата на царевите, за да ти се отворат вратите, и портите да не бидат затворени. Пред тебе ќе одам, планини ќе рамнам, бакарни врати ќе разбивам и железни резиња ќе кршам; тебе ќе ти ги предадам чуваните во темно богатства и сокриените добра, за да познаеш, дека Јас сум Господ. Кој те нарекувам по име, – Бог Израилев. Заради Јакова, Мојот слуга и Израилот, Мојот избраник, Јас го нареков по име, те почитував, иако не Ме познаваше. Јас сум Господ и нема друг; нема Бог освен Мене; Јас те препашав, иако не ме познаваше, за да дознаат од изгрев сонце и од запад, дека нема друг освен Мене: Јас сум Господ, и нема друг. Јас ја создавам светлината и ја правам темнината, правам мир и причинувам неволји. Јас, Господ го вршам сето тоа. Росете, небеса, одозгора, и облаците нека изливаат правда; нека се раствори земјата и нека донесува спасение, заедно да произлегува и правдата. Јас, Господ, го правам тоа. Тешко му на оној, кој се расправа со Создателот свој! Црепче од земни садови со други такви парчиња! Ќе му каже ли глината на грнчарот: ‚што правиш‘ и твоето дело ќе каже ли за тебе: ‚тој нема раце?‘ Тешко му на оној, кој му вели на татка си: ‚зошто си ме создал на светов‘, а на мајка си: ‚зошто си ме родила?‘« Вака вели Господ, Светецот Изралев и неговиот Творец: »Ќе ме прашате ли за иднината на синовите Мои и ќе сакате ли да ми се мешате во делото на рацете Мои? Јас ја создадов земјата и го создадов на неа човекот; Јас – Моите раце ги простреја небесата; и на сета нивна војска Јас им дадов закон. Јас го подигнав во правда и ќе ги израмнам сите патишта негови. Тој ќе го изгради Мојот град и ќе ги отпушти заробените Мои не за откуп, ниту за дарови, вели Господ Саваот. Вака вели Господ: печалбите на Египтјаните и трговијата на Етиопијците, и Савејците, луѓе силни, кон тебе ќе преминат и твои ќе бидат, во вериги ќе дојдат, ќе паднат пред тебе ничкум и ќе те молат, велејќи: само ти имаш Бог, и нема друг Бог.« Вистина, Ти си Бог сокриен, Бог Израилев, Спасител. Сите тие ќе бидат посрамени и засрамени; заедно со нив ќе отидат со срам и сите оние што прават идоли. А Израилот ќе биде спасен со вечно спасение од Господа; вие нема да бидете посрамени и осрамотени во веки веков. Зашто вака вели Господ, Кој го создаде небото, Он, Бог, Кој ѝ даде облик на земјата и Кој ја создаде; Он ја зацврсти, не ненадејно ја создаде; Он ја создаде за живеење. Он вели: Јас сум Господ, и нема друг. Не говорев тајно Јас, не во темно место на земјата; не му реков на Јакововото племе: »напразно Ме барате.« Јас сум Господ, Којшто изрекува правда, Којшто ја открива вистината. Соберете се и дојдете, приближете се сите, преживеани од народите. Неразбрани се оние, што го носат својот дрвен идол и се молат на бог, кој не спасува. Објавете и кажете, откако ќе се посоветувате меѓу себе: кој го кажа тоа од стари времиња? Кој однапред го кажал тоа? Нели Јас, Господ? Нема друг Бог освен Мене, – Бог праведен и Кој спасува, нема освен Мене. Кон Мене обрнете се, и ќе бидете спасени, сите краишта земни, зашто Јас сум Бог и нема друг како Мене. Се колнам во Себе Самиот: од уста Моја излегува правда, збор неизменлив, дека пред Мене ќе се преклони секое колено, во Мене ќе се колне секој јазик. Само во Господа, ќе велат за Мене, има правда и сила; при Него ќе дојдат и ќе се засрамат сите, што непријателствувале против Него. Преку Господа ќе биде оправдано и прославено целото племе Израилево. Падна Вил, се собори Нево; идолите им се врз добитокот и товарните животни; вашиот товар стана бреме за уморените животни. Се навалија, паднаа одеднаш; не можеа да ги зачуваат оние, што ги носеа, и сами паднаа во ропство. Послушај Ме, доме Јаковов и сиот остаток од домот Израилев, кого го носам од утробата, кого го држам од раѓањето; и до вашата старост Јас ќе бидам Истиот, до вашите бели коси ќе ве носам; Јас ве создадов и ќе ве носам, ќе ве поддржам и ќе ве пазам. Со кого ќе Ме изедначите, и ќе Ме споредите? Кого ќе го земете за пример да прилега на Мене? Истураат злато од торбичката и премеруваат сребро на терезии, па најмуваат златар, за да направи од него бог, му се клањаат и ничкум паѓаат пред него; го креваат на рамо, го носат и го ставаат на местото негово; тој стои, од местото свое не се помрднува; му викаат, – тој не одговара, од неволја не спасува. Спомнете си го тоа и покажете се мажи; земете го тоа при срце, отстапници; спомнете си за она што било порано, од крајот на векот; земете го тоа при срце, зашто Јас сум Бог и нема друг Бог и нема подобен на Мене. Јас го навестувам во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало, па велам: »Мојата одлука ќе се изврши, и сѐ што Ми е угодно – ќе го направам.« Јас го повикав орелот од исток, од далечна страна, исполнителот на Мојата волја. Јас реков – и ќе го извршам тоа; замислив – и ќе го направам. Послушајте Ме, жестокосрдни, вие, кои сте далеку од правдата: Ја приближив Мојата правда – таа не е далеку, спасението од Мене нема да се забави; и ќе му дадам на Сион спасение, на Израилот – Својата слава. Слези и седни во прав, о, девице, ќерко вавилонска; седни на земја: престол нема, ќерко халдејска, и во иднина нема да те нарекуваат нежна и милолика. Земи рачници и мели брашно; симини го превезот, засукај ракави, разголи ги нозете, гази преку река: твојата голотија ќе се открие, и ќе се види твојата срамотија. Ќе се одмаздам и никој нема од тоа да ме одврати. Нашиот Избавител – името Му е Господ Саваот – е Светецот Израилев. Седи молкум и прибери се во темнината, ќерко халдејска, зашто во иднина нема да те нарекуваат господарка на царствата. Јас се разгневив на Својот народ, и го предадов наследството Свое, што го оскревни ти, во твои раце; а ти не им покажа милост, на старците им го стави најтешкото твое иго. И си велеше: »Вечно ќе бидам господарка«, и на ум не го ставаше ова, не помислуваше што ќе стане потоа. Но сега ислушај го ова, ти, развратнице, која живееш безгрижно, која седиш и велиш во срцето: »Јас сум, и нема друга како мене: нема да останам вдовица, ниту ќе осиромашам.« Но ненадејно, во еден ден, ќе те снајде и едното и другото – загубата на децата и вдовството; во полна мера ќе те снајдат тие, при сето множество на твоите магесништва и големата сила на твоите маѓии. Зашто ти се надеваше на своето злодејание и велеше: »Никој не ме гледа.« твојата мудрост и твоето знаење – тие те отстранија од патот, а ти си велеше во срцето свое: »Јас сум, и нема друга како мене.« Ќе дојде на тебе зло: нема да знаеш, од каде доаѓа тоа; ќе те снајде беда, која не ќе можеш да ја отфрлиш; и ненадејно ќе те стигне погибел, за која и не мислиш. Стој си, пак, со твоите маѓии и со многуте баења, со кои си се занимавала од млади години: можеби – ќе си помогнеш, можеби – ќе се одржиш. Ти си умрона од многу замисли; нека излезат оние, што го набљудуваат небото, ѕвездобројачите и претскажувачите по новомесечијата, нека те спасат од она, што треба да ти се случи. Ете, тие се како слама: оган ќе ги изгори; не ја спасија душата своја од пламенот; не остана јаглен да се погрее некој, ниту оган, за да се поседи крај него. Такви ќе бидат оние, за кои си се грижела, со кои си тргувала од млади години. Секој тргнал по својот пат; никој не те спасува. Слушај го ова, доме Јаковов, вие, кои се нарекувате со името на Израилот и кои сте произлегле од Јуда, кои се колнете во името Господово, го спомнувате Бога Израилев, иако не по вистина и не по правда. Зашто тие се нарекуваат по светиот град и се потпираат на Бога Израилев; Господ Саваот е името Негово. Поранешното Јас однапред го кажував, и она што од устата Моја излегуваше и Јас го навестував и брзо го вршев, – и сѐ се извршуваше. Јас знаев, дека ти си упорен и дека во твојот врат има железни жили, и челото ти е бакарно; затоа и ти јавував од рано, пред да се случи тоа, и ти навестував, за да не речеш: »Мојот идол го направи тоа, мојот идол и мојот излеан лик заповеда тоа да стане.« Ти си слушал – погледај го сето тоа! И зар нема да го признаете тоа? А сега те известувам за нешто ново и сокриено, што ти не си го знаел. Тоа се изврши сега, а не одамна и не пред еден ден, и ти не си слушал за него, за да не кажеш: »Ете, јас го знаев тоа.« Ти не си слушал, ниту си знаел за тоа, и увото твое порано не беше отворено; зашто Јас знаев, дека ти ќе постапиш вероломно; од самата мајчина утроба си наречен отстапник. Заради името Свое го одлагав Својот гнев и заради славата Своја се воздржував да не те истребам. Ете, те растопив, но не како сребро, те испитав во печката на страдањата. Заради Себе, заради Самиот Себе го вршам тоа, – зашто, каква навреда би била за името Мое! Славата Своја нема да ја дадам на друг. Чуј Ме, Јакове и Израиле, повикан од Мене: Јас сум истиот, Јас сум првиот и Јас последниот. Мојата рака ја основа земјата, Мојата десница го распростре небото; ќе ги повикам, – и тие ќе застанат заедно. Соберете се сите и слушајте: кој од нив го претскажал ова? Господ го возљуби, и тој ќе ја исполни волјата Негова над Вавилон и ќе ја јави мишката Своја над Халдејците. Јас, Јас реков, и го повикав; Јас го доведов, патот негов ќе биде успешен. Пристапете кон Мене, слушајте го ова: Јас и во почетокот говорев не тајно; од она време, откако се извршува тоа, Јас бев таму; и сега Ме испрати Господ Бог и Неговиот дух. Вака вели Господ, твојот Искупител, Светецот Израилев: Јас сум Господ, Бог твој, Кој те учи на добро, Кој те води по оној пат, по кој треба да одиш. О, да беше ги слушал Моите заповеди! Тогаш твојот мир ќе беше како река, и твојата правда – како морски бранови. И твоето потомство би било како песок, а породот од утробата твоја, – како зрнцата негови: името твое не би се истребило нити избришало пред Мене. Излегувајте од Вавилон, бегајте од Халдејците, со радосен глас разгласувајте и проповедајте го тоа, ширете ја таа вест до крајот на земјата; кажувајте: »Господ го откупи Својот слуга Јакова.« Не ожеднуваат тие во пустињите, преку кои ги води: Он им извади вода од камен; пресекува карпа, – и се леат води. А за лошите нема мир, вели Господ. Слушајте Ме, острови, и внимавајте, народи далечни: Господ Ме повика уште од утробата, од мајчината Ми утроба го нарече името Мое; ја направи устата Моја како остар меч: под сенката на раката Своја Ме криеше и Ме направи изострена стрела; во Својата торба за стрели Ме чуваше; Он Ми рече: »Ти си Мој слуга, Израиле, – во тебе ќе се прославам.« Јас, пак, реков: »Напразно сум се трудел, за ништо и попусто сум ја истрошувал силата Своја.« Но правото Мое е во Господа, и наградата Моја е во Мојот Бог. А сега вели Господ, Кој уште од утробата ме направи слуга Свој, да го вратам кон Него Јакова, за да се собере при Него Израилот; а кога ќе се собереме, ќе се прославам во Господа и Мојот Бог ќе биде сила Моја. И Он рече: »Малку е, тоа што Ти ќе ми бидеш слуга, за да се подигне племето Јаковово и да се поврати остатокот Израилев, туку Јас ќе те направам светило за народите, за да се рашири спасението од Господа до краиштата на земјата.« Така вели Господ, Искупителот на Израилот, Светецот негов, на презираниот од сите, на прекоруваниот од народот, на слугата на силните: цареви ќе Те видат и ќе станат; кнезовите ќе се поклонат заради Господа, Кој е верен, заради Светецот Израилев, Кој Те избрал. Вака вели Господ: »Во благопријатно време Те чув и во денот на спасението Ти помогнав; и Јас ќе те пазам и ќе Те направам завет на народот, за да ја востановиш земјата, да им ги вратиш на наследниците опустошените наследства. Да им кажеш на затворените: излезете, и на оние, што се во темнина: покажете се. Крај патиштата ќе пасат тие, по сите ридови ќе бидат нивните пасишта; Нема да трпат глад и жед, нема да ги удри припек и сонце; зашто Оној, Кој ги милува, ќе ги води и ќе ги доведе при извори водни. И сите Мои гори ќе ги направам друмови, Моите патишта ќе бидат издигнати. Ете, едни ќе дојдат оддалеку; и ете – едни од север и од морето, а други – од земјата Синим.« Радувајте се, небеса, и весели се, земјо; воскликнувајте од радост гори, зашто Господ го утеши Својот народ и ги помилува Своите страдалници. А Сион велеше: »Ме остави Господ, мојот Бог ме заборави!« Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам. Ете, на Своите дланки сум те забележал; твоите ѕидишта секогаш се пред Мене. Твоите синови ќе побрзаат кон тебе, а твоите разурнувачи и опустошители ќе си отидат од тебе. Крени ги очите и погледај наоколу, – тие сите се собираат, доаѓаат кон тебе. Жив сум Јас! вели Господ, – со сите нив ќе се облечеш како со накит и ќе се промениш со нив како невеста. Зашто твоите урнатини, твоите пустињи и твојата разорена земја сега ќе бидат многу тесни за жителите, за оние, што те голтаа, ќе си отидат од тебе. Децата, што ќе ги имаш, бидејќи си ги изгубила поранешните, ќе ти говорат гласно: »Тесно е местото за мене; отстапи ми, за да можам да живеам.« И ти ќе речеш во срцето свое: кој ми ги роди? Јас бев бездетна и бесплодна, одведена во плен и оддалечена; но, кој ги одгледа – ете, јас си останувам сама; а тие каде беа? Вака вели Господ Бог: »Ете, ќе ја кренам раката Своја кон народите, ќе го издигнам знамето Свое пред племињата, – и ќе ги донесат синовите твои на раце и ќерките твои – на раменици. И царевите ќе бидат твои хранители, и нивните царици ќе бидат твои доилки; со лицето до земјата ќе ти се клањаат и ќе го лижат правот од нозете твои, и ќе дознаеш, дека сум Јас Господ, дека оние, што се надеваат на Мене, нема да се посрамат. Може ли да се одземе плен од силен, и можат ли да се одземат заробени од победникот?« Да, така вели Господ: и секој заробен од исполин ќе биде одземен и грабежот од тиранинот ќе биде вратен; зашто Јас се борам со твоите противници и ќе ги спасам твоите синови; ќе ги нахранам твоите угнетувачи со нивното сопствено месо, ќе бидат напоени со својата крв како со ново вино; и секое тело ќе дознае, дека Јас сум Господ, твој Спасител и твој Искупител, Силниот Бог Јаковов. Вака вели Господ: »Каде е разводното писмо за вашата мајка, со која ја отпуштив? Или на кого од моите зајмодавачи ве продадов? Ете, вие сте продадени заради гревовите свои, и заради вашите престапи мајката ваша е отпуштена. Зошто кога дојдов, немаше никого? И кога повикав, никој не се одѕва? Зар раката Моја се скратила, та не може да избавува или во Мене нема сила да спасувам? Ете, со заплашувањето Свое море пресушувам, претворам реки во пустиња; рибите во нив гнијат поради недостиг на вода и умираат од жед. Јас ги облекувам небесата во мрак и кострет им правам за покривка. Господ Бог ми даде вешт јазик, за да можам со зборови да го поткрепувам изнемоштениот: секое утро Он го разбудува името Мое, за да слушам како оние што се учат. Господ Бог ми го отвори увото, и јас не се спротивставив, не отстапив назад. Грбот Свој го подметнав на оние што Ме биеја, и образите свои – на оние што Ме удираа; лицето Свое не го скрив од подбив и плукање. И Господ Бог ми помага: затоа не се срамувам, затоа го држам лицето Свое како кремен, и знам дека нема да останам посрамен. Близу е Оној, Кој Ме оправдува: кој сака да се натпреварува со Мене? Да застанеме заедно. Кој сака да се суди со Мене? Нека пристапи кон Мене. Ете, Господ Бог Ми помага: Кој ќе ме осуди? Ете, сите тие како облека ќе изветвеат; молец ќе ги изгризе. Кој од вас се плаши од Господа, го слуша гласот на Неговиот Син? Кој оди во мрак, без светлина, да се надева на името Господово и да се потпира врз својот Бог. Ете, сите вие што палите оган, кои сте вооружени со запалени стрели – одите во пламенот на вашиот оган и на стрелите, што сте ги вжештиле! Тоа ќе ви биде од Мојата рака: во маки ќе умрете.« Послушајте Ме вие, што копнеете за правда, вие кои Го барате Господа! Погледајте ја карпата, од која сте исечени, и по длабочината на трапот, од кој сте извлечени. Погледајте го Авраама, вашиот татко, и на Сара, која ве родила; зашто Јас го повикав него единствениот, го благословив и го умножив. Така, Господ ќе го утеши Сион, ќе ги утеши сите негови урнатини и ќе ги направи пуситњите негови како рај и степите негови – како градина Господова; радост и веселба ќе има во него, славословие и пеење на песни. Послушајте Ме, народе Мој и племе Мое, приклонете го увото кон Мене! Зашто од Мене ќе излезе закон и Мојот суд ќе го поставам за светлина на народите. Мојата правда брзо ќе стигне; Моето спасение изгрева и Мојата мишка ќе ги суди народите; островите ќе се надеваат на Мене и ќе се надеваат на мишката Моја. Кренете ги очите кон небото и погледајте на земјата долу: зашто небото ќе изчезне како дим, и земјата ќе изветви како облека, а жителите нејзини исто така ќе изумрат; а Јас ќе спасувам вечно, правдата Моја нема да престане. Послушајте Ме, вие, кои ја познавате правдата, народе, Кој во срцето свое го имаш Мојот закон! Не плашете се од прекорување на луѓето, ниту стравувајте од злословието нивно. Зашто молец ќе ги изеде како облека и црв ќе ги изеде како волна; а Мојата правда ќе преуспее засекогаш, и Моето спасение – од род во род. Крени се, крени, облечи се во сила, мишко Господова! Дигни се, како во древни дни, во дамнешните родови! Зар не го уништи ти Рава, зар не го порази змејот? Не го исуши ли морето, водите и големата бездна, не ги претвори ли морските длабочини во пат, за да поминат искупените? Ќе се вратат избавените од Господа, и ќе дојдат на Сион со пеење, и вечна радост ќе има над главата нивна; тие ќе најдат радост и веселба; скрбта и воздишките ќе изчезнат. Јас, Јас Самиот сум ваш Утешител. Кој си ти, та се плашиш од човек, кој умира, и од човечки син, кој е исто она што е и тревата? Го забораваш Господа, својот Творец, кој го прострел небото и ја основал земајта; и непрестајно, секој ден се плашиш од јароста на угнетувачот, како да е готов тој да истреби? Но каде е сега јароста на угнетувачот? Скоро ќе биде ослободен заробениот, и нема да умре во јамата, ниту ќе има потреба од леб. Јас сум Господ твој, Кој го бранува морето, та брановите негови викаат: Господ Саваот е името Негово. И Јас ќе ги вложам Моите слова во устата твоја, и со сенката на раката Своја ќе те покријам, за да го устројам небото и да ја утврдам земјата и да му кажам на Сион: »Ти си Мој народ.« Разбуди се, разбуди се, стани, Ерусалиме, ти, кој од раката на Господа ја испи чашата на јароста Негова, до дното си ја испил и исушил чашата што опива. Меѓу сите синови, од него родени, нема кој да го води, и меѓу сите синови, од него одгледани, нема кој за рака да го придржи. Тебе те снајдоа две неволји, кој ќе те пожали? – Опустошување и истребување, глад и меч: кој ќе те утеши. Синовите твои изнемоштеа, лежат по аглите на сите улици, како срна во стапица, исполнети со гнев Господов, со заплашување од твојот Бог. И така, ислушај го ова ти, кој си страдалник и пијан, но не од вино. Вака вели Господ твој, Господ и Бог твој, Кој одмаздува за Својот народ: »Ете, јас земам од раката твоја чаша што опива, од чашата на Мојата јарост ти веќе нема да пиеш. Ќе ја дадам во раката на твоите мачители, кои ти велеа: ‚Падни ничкум, за да минам по тебе‘; и ти го правеше грбот свој како земја и како улица за минувачите.« Дигни се, дигни, облечи се во силата своја, Сионе! Облечи се во облеката на величието свое, Ерусалиме, свети граде! Зашто отсега нема повеќе да влегува во тебе необрезан и нечист. Истреси го од себе правот; стани, заробени Ерусалиме! Симни ги веригите од вратот свој, заробена ќерко Сионова! Зашто вака вели Господ: »За ништо бевте продадени, и без сребро ќе бидете откупени.« И уште вака вели Господ Бог: »Народот Мој одеше порано во Египет, за да поживее таму, а Асур го притеснуваше без причина. А сега што имам тука« – вели Господ: »Народот Мој е земен со дар, владетелите нивни беснеат, вели Господ, и постојано, секој ден, името Мое се навредува. Затоа Мојот народ ќе го познае името Мое; затоа ќе разбере во оној ден, дека Јас сум истиот, Кој вели: ‚еве Ме!‘« Колку се прекрасни врз горите нозете на благовесникот, кој навестува мир, благовестува радост, проповеда спасение, кој му говори на Сион: »Твојот Бог се зацари!« Ете го гласот на твоите стражи! Тие кренаа глас, и сите заедно ликуваат, зашто со очите свои гледаат, дека Господ се враќа во Сион. Веселете се, пејте заедно, урнатини ерусалимски, зашто Господ го утеши народот Свој – го откупи Ерусалим. Ја засука Господ Својата света мишка пред очите на сите народи, – и сите краишта земни ќе го видат спасението од нашиот Бог. Одете си, одете си, излезете оттаму; не допирајте се до нечисто; излезете од средината негова, очистете се, вие што ги носите садовите Господови! Зашто нема да излезете набргу и нема да избегате; оти пред вас ќе тргне Господ, и Бог Израилев ќе биде зад вас. Ете, Мојот слуга ќе успее, ќе се воздигне, ќе се возвиси и возвеличи. Како што мнозина беа зачудени, гледајќи во Него – толку ликот Негов беше обезличен повеќе, отколку на секој човек, и видот Негов – повеќе, отколку на синовите човечки, –! така ќе зачуди многу народи, цареви ќе ја затвораат пред Него устата своја, зашто ќе го видат она, за кое не им било говорено, и ќе го дознаат она што не го слушнале. Господи, Кој поверува на тоа, што го чул од нас и кому му се откри силата Господова? Зашто изникна Он пред него како младо дрвце и како стебленце од сува земја; нема во Него ни изглед, ниту величие; ние Го видовме, и во Него немаше изглед, што ќе нѐ привлекува кон Него. Он беше презрен и понизен меѓу луѓето, маж на болки и свикнат на страдања, и ние го одвраќавме од Него лицето свое; Он беше презиран, и ние за ништо не Го сметавме. Но Он ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме, дека Он беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога. А Он беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме. Сите ние бевме заблудени како овци, се отстрани секој од патот свој, – и Господ ги возложи врз Него гревовите на сите нас. Он беше измачуван, но страдаше доброволно и устата Своја не ја отвораше; како овца Он беше одведен на колење, и како што е јагнето пред стрижачите свои безгласно, така и Он не ја отвори устата Своја. Он беше лишен од праведен суд. Но родот Негов Кој ќе го објасни? Зашто беше одземен од земјата на живите; заради беззаконијата на Мојот народ беше осуден на смрт. Му определија гроб со злодејци, но Он беше погребан кај богатиот, зашто не беше направил грев и во устата негова немаше лага. Но на Господа му беше угодно да Го понизи, и Го предаде на мачење; а кога душата Негова Му принесе милостивна жртва, Он ќе види долговечно потомство, и волјата Господова ќе напредува преку Неговата рака. Ќе се зарадува поради трудот на душата Своја и ќе види светлина. Праведниот Слуга Мој ќе ги оправда мнозина и гревовите нивни врз Себе ќе ги понесе. Затоа Јас ќе Му дадам големо наследство, со силните плен ќе дели, зашто душата Своја на смрт ја предаде, и меѓу злодејците беше вброен и ги понесе врз Себе гревовите на мнозина и за престапниците стана посредник. Развесели се, ти неплодна, што не раѓаш; воскликни и извикај ти, кој не си почувствувала родилни маки; зашто напуштената има многу повеќе деца од онаа, кој има маж, вели Господ. Рашири го местото на шаторот свој; покривите твои на живелиштето твое прошири ги продолжи ги јажињата свои и зацврсти ги колците свои; зашто ти ќе се рашириш десно и лево, и потомството твое ќе завладее народи и ќе ги насели опустошените градови. Не плаши се, зашто нема да бидеш посрамена; не се возбудувај, оти нема да биде исмеана: ќе го заборавиш посрамувањето на младоста своја и нема повеќе да си помниш за бесчесноста на вдовството твое. Зашто твојот Творец е твојот сопруг; Господ Саваот е името Негово, твој искупител е Светецот Израилев: Он ќе се нарече Бог на целата земја. Зашто Господ те вика како жена, напуштена и жална со духот, како жена од младини, кој била отфрлена, вели твојот Бог. За малку време те оставив, но со голема милост ќе те приберам. Во пламенот на гневот го сокрив од тебе лицето Свое за кратко време, но со вечна милост ќе те помилувам, вели твојот Искупител Господ. Оти тоа за Мене е како потоп на Ное: како што се заколнав, дека потоп нема повеќе да дојде на земјата, така се заколнав дека нема да ти се лутам, ниту да те прекорувам. Планини ќе се поместат, и ридови ќе се разнишаат, но Мојата милост нема да отстапи од тебе и заветот на Мојот мир нема да се разниша, вели Господ, Кој те милува. О, неволна, потфрлена од виорот, неутешна! Ете, Јас ќе ги положам твоите камења врз рубин и ќе ги направам твоите основи од сапфири; и ќе ги направам твоите прозорци од рубини и твоите порти – од бисер, а целата ограда твоја – од скапоцени камења. И сите твои синови ќе бидат научени од Господа, и голем мир ќе има меѓу синовите твои. Ти ќе се утврдиш со правда, ќе бидеш далеку од насилствата, бидејќи ќе нема од што да се плашиш, далеку ќе биде од тебе и ужасот, зашто тој нема да се приближи до тебе. Ете, ќе се вооружат против тебе, но тоа не е од Мене; кој и да се вооружи против тебе, ќе падне. Ете, Јас создадов ковач, кој го раздувува јагленот во огнот и ќе произведува сечила за својата работа, – и Јас сум создател и губител, Кој истребува. Ниедно оружје, направено против тебе, нема да има успех; и секој јазик, кој би се подигнал против тебе на суд, – ти ќе го обвиниш. Тоа е наследство на слугите Господови, нивно оправдание од Мене, вели Господ. Вие, што жедувате, дојдете сите при водите; дури и вие, кои немате сребро, дојдете, купувајте и јадете; дојдете, купувајте вино и млеко без сребро и без плаќање. Зошто да давете сребро за она, што не е леб, и заработката своја – за она, што не наситува? Послушајте Ме внимателно и јадете, што е добро, и душата ваша нека се наслади со мрс. Приклонете го увото и дојдете при Мене; послушајте, и душата ваша ќе биде жива, – ќе ви дадам вечен завет, неизменливи милости, ветени на Давида. Ете, Него го дадов сведок за народите, водач и заповедник на народите. Ете, ти ќе повикаш народ, што не си го познавал, и народите, кои не те познавале, ќе побрзат кон тебе, заради Господа, твојот Бог, заради светецот Израилев, зашто Он те прослави. Барајте го Господа, кога можете да Го најдете; викајте Го додека е близу. Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот – помислите свои и нека се обрне кон Господа, нашиот Бог, – и Он ќе го помилува, зашто е многу милостив. Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта, вели Господ. Но, како што е небото повисоко од земјата, така се и Моите патишта повисоки од вашите патишта, и мислите Мои повисоко од вашите мисли. Како што дождот и снегот паѓаат од небото и таму не се враќаат, туку ја напојуваат земјата и ја прават способна да раѓа и да се зеленее, за да му дава семе на оној, што сее и леб на оној, кој јаде, така и Моето слово, што излегува од устата Моја, не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што му е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас. И така, вие ќе излезете во веселба и ќе бидете испратени со мир; горите и ридовите ќе пеат песна пред вас, и сите дрвја во полето ќе ракоплескаат. Место трн ќе израсне кипарис; место коприва ќе израсне мирта; и тоа ќе биде за слава на Госпдоа, за вечен знак, неразрушив. Вака вели Господ: пазете го правосудството и вршете правда; зашто е близу спасението од Мене и откровението на Мојата правда. Блажен е човекот, кој го прави тоа и синот човечки, кој здраво се придржува за тоа, кој пази на саботата за да не ја оскверни и ја чува раката своја – за да не врши никакво зло. Синот на другоплеменикот, кој се присоединил кон Господа, да не вели: »Господ сосема ме оддели од Својот народ«, и евнухот да не рече: »Ете, јас сум суво дрво.« Зашто вака вели Господ за евнусите: »Оние што ги пазат Моите саботи и го избираат она, што Ми е Мене угодно, оние што цврсто се придржуваат за заветот Мој, – ним ќе им дадам во домот Свој и во ѕидините Свои место и име подобро, отколку на синовите и ќерките: ќе им дадам вечно име, кое нема да биде истребено.« И синовите на другоплемениците, што се присоединиле кон Господа, за да Му служат и да го сакаат името на Господа, да бидат слуги Негови, – сите кои ја пазат саботата да не ја осквернат и цврсто се придржуваат за заветот Мој, Јас ќе ги одведам на Мојата света гора и ќе ги зарадувам во Мојот дом за молитва: сепалениците нивни и жртвите нивни ќе бидат благопријатни врз Мојот жртвеник, зашто Мојот дом ќе се нарече молитвен дом за сите народи. Господ Бог, Кој ги собира распраснатите Израилци, вели: кон собраните кај Израилот ќе собирам и други. Дојдете да јадете вие, сите ѕверови полски, сите ѕверови шумски! Стражите нивни сите се слепи и неразумни: сите тие се неми пци, кои не можат да лаат, но лежејќи бладаат и кои сакаат да спијат. Тоа се пци со ненаситна душа, кои не знаат ситост; и тоа се пастири неразумни: сите, од првиот до последниот, го гледаат својот пат, својата заработка: »Дојдете – велат – ќе донесеме вино, ќе се напиеме сикер; и утре ќе биде истото она што и денес, дури и повеќе отколку денес.« Праведниот умира и никој не се загрижува; и благочестиви мажи се грабат за земјата, и никој не помислува дека праведникот од зло се оттргнува. Тој оди во мир; оние што одат по правиот пат, ќе почиваат на леглата свои. Но приближете се вие тука, синови на маѓепсница, семе на прељубодеец и на блудница! Со кого се подбивате? Против кого отворате уста и го покажувате јазикот? Не сте ли деца на престап, семе на лагата, кои сте запалени од похотта кон идоли под секое гранчесто дрво, кои колете деца покрај потоци, меѓу пукнатини на карпи? Во мазните камења на потоците е твојот дел; тие, тие се твој жреб, ним им правиш ти прелив и им принесуваш жртва: можам ли Јас да бидам од тоа задоволен? На висока и голема планина го поставуваш леглото свое, и таму е качуваш да принесуваш жртва. Зад вратата и зад довратниците ги ставаш твоите спомени; зашто, кога ќе се одвратиш од Мене, ти се разголуваш и се качуваш; го прошируваш леглото свое и се договараш со оние од нив, со кои сакаш да лежиш и го погледуваш местото. Ти си одела и кај царот со миризливо масло и си ги умножувала твоите мириси, и далеку си ги испраќала своите гласници и си се понижувала до пеколот. Од долгиот пат ти си се заморувала, но не рече: »Надежта е изгубена!« Сѐ уште си наоѓаш живот во раката своја, и затоа не почувствува слабост. А од кого се уплаши и застраши, па стана неверна и престана да Ме помниш и да пазиш во срцето свое? Не е ли затоа што Јас молчев, што молчев долго, та ти престана да се плашиш од Мене? Ќе ја објавам твојата правда и твоите дела, и тие нема да бидат во твоја полза. Кога ќе повикаш, ќе те спаси ли она што си го собрала? – Сето тоа ветрот ќе го однесе, ќе го развее; а кој се надева на Мене, ќе ја наследи земјата и ќе ја владее Мојата света гора. Ќе се рече: »Срамнете, рамнете, израмнете го патот, кревајте ги пречките од патот на Мојот народ.« Зашто вака вели Високиот и Возвишениот, вечно Живиот Светец и Неговото име: »Јас живеам на небесната височина и во светилиштето, но сум со оние што имаат скрушено срце и смирен дух, за да го оживувам духот на смирените и да ги ожувувам срцата на скрушените. Зашто нема вечно да се заканувам, ниту докрај да се гневам; инаку ќе падне пред Мене секој дух и секој здив што сум го создал. Заради беззаконието на неговата лакомост Јас се разгневив и го поразив, се сокрив и негодував; но тој откако се одврати, отиде по патот на срцето свое. Ги видов патиштата негови, но ќе го излекувам, ќе го водам и ќе го утешувам, него и оние што го жалат. Јас ќе го исполнам словото: мир, мир на далечен и на ближен, вели Господ, и ќе го излекувам.« А нечесните се како разбрането море, кое не може да се смири, и чии води исфрлаат тиња и кал. Мир нема за нечестивите, вели Господ Бог. Викај со сиот глас, не се воздржувај; крени го гласот како труба, укажи му на народот Мој на беззаконието негово, и на домот Јаковов – гревовите негови. Тие секој ден Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, кои како народ, божем постапува праведно и не ги остава законите на својот Бог; сакаат од мене праведен суд, сакаат да се приближат до Бога: »Зашто ние постиме, велат, а Ти не гледаш; ги измачуваме душите свои, а Ти не сакаш да знаеш« – Ете, кога постите, вие ја исполнувате својата волја и од другите барате тешки трудови. Ете, вие постите за караници и расправии и за да ги биете со рака сиромасите; вие не постите во тоа време така, што гласот ваш да биде чуен во висините. Таков ли е постот, што Јас го определив: човек да ја изнемоштува душата своја во денот кога ја наведнува главата како трска и под себе постила вреќиште и пепел? Тоа ли ќе го наречеш пост и ден угоден на Господа? Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем; раздели го лебот свој со гладните, и скитниците сиромаси одведи ги во домот свој; ако видиш гол, – облечи го, и од еднокрвниот не се криј. Тогаш твојата светлина ќе се јави како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува. Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе, ќе извикаш – и Он ќе рече: »Еве Ме.« Кога ќе го отстраниш од себе јаремот, кога ќе престанеш да креваш прст и да говориш лошо, кога ќе му ја дадеш на гладниот душата своја и ќе ја нахраниш душата на страдалникот, – тогаш твојата светлина ќе изгрее во темнината, и мракот твој ќе биде како пладне; и Господ секогаш ќе ти биде водач, а и во време на суша ќе ја наситува душата твоја и ќе ги крепи коските твои; ти ќе бидеш како градина напоена со вода и како извор, чии води никогаш не пресушуваат. Тогаш твоите потомци ќе градат врз стари урнатини: ти ќе ги востановиш основите на многу поколенија, и ќе те викаат обновител на урнатини, градител на патишта за населби. Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја да ги исполнува желбите на твоето срце во светиот Мој ден, и ако ја нарекуваш саботата радост, свет ден Господов, ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа да не се занимаваш со обичните работи, да им угодуваш на своите грешни желби и да празнословуваш, – тогаш ќе имаш радост во Господа, а Јас ќе те искачам на височини земни и ќе ти дадам да вкусиш од наследството на Јакова, твојот татко: устата на Господа го изрече тоа. Ете, раката на Господа не се скусила, та да не може да спасува, и увото Негово не отврднало, та да не може да слуша. Но беззаконијата ваши ве разделија од вашиот Бог, и гревовите ваши прават да го сокрива лицето Свое од вас, за да не слуша. Зашто рацете ваше се осквернети со крв, а прстите ваши – со беззаконие; устата ваша говори лага, јазикот ваш искажува неправда. Никој не го крева гласот за правда, и никој не се застапува за вистина: се надеваат на суетното и говорат лага, зачнуваат зло и раѓаат беззаконие; матат змијски јајца и ткаат пајажина; кој ќе ги изеде јајцата нивни – умира, ако, пак, ги скрши – отровна змија ќе използи – од нив. Пајажините нивни не ги бива за облека, нема да се покријат со изработката своја; делата нивни се дела неправедни, а насилството е во рацете нивни. Нозете нивни трчаат кон зло, брзаат да пролеваат невина крв; мислите нивни – се мисли нечесни; по патеките нивни – опустошување и погибел. Тие не го знаат патот на мирот и на патеките нивни нема правда; патиштата им се искривени, и никој, кој оди по нив, не знае за мир. Затоа е и далеку од нас судот, правдата не стигнува до нас: чекаме видело, а тоа темнина, – светлина, а одиме во мрак. Го пипкаме ѕидот како слепи, одиме со пипкање како без очи; на пладне се сопнуваме како во мрак, меѓу живите сме како мртви. Сите рикаме како мечки и стенкаме како гулаби, чекаме суд, а него го нема, – спасение, но тоа е далеку од нас. Зашто престапите наши пред Тебе се многубројни, гревовите наши сведочат против нас; со нас се престапите наши, беззаконијата наши ги знаеме. Ние изневеривме и излагавме пред Господа и отстапивме од нашиот Бог; говоревме клевета и насилство, зачнувавме и раѓавме од срцата наши лажливи зборови. И судот отстапи назад, а правдата застана далеку; зашто вистината се сопна на плоштадот, чесноста не можеше да влезе. И исчезна вистината, а кој се оддалечува од злото, се изложува на оскрбување. И Господ го виде тоа; и на очите не Му беше мило што нема суд. И виде дека немаше човек, се чудеше дека немаше застапник; тогаш Неговата мишка Му помогна и правдата Негова Го подржа. И ја облече врз Себе правдата како оклоп, а на главата Своја го стави шлемот на спаснието; и се облече во риза на одмазда како во облека, се покри со ревност како со наметка. Според делата, според делата ќе им даде Он; на противниците Свои – со јарост, на непријателите Свои со одмазда, на островите ќе им го даде заслуженото. И ќе се уплашат на запад од името на Господа, на исток – од славата Негова. Ако непријателот надојде како река, – духот на Господа ќе го истера. И ќе дојде Искупителот за Сион и за синовите Јаковови, кои се одвратиле од нечесноста, вели Господ. И еве го заветот Мој со нив, вели Господ: Духот Мој, Кој е врз тебе, и зборовите Мои, што ги вложив во устата твоја, нема да отстапат од устата твоја, од устата на потомството твое и од устата на потомците на твоето потомство, вели Господ отсега и довека. Дигни се, светлеј се Ерусалиме, зашто дојде твојата светлина, и славата Господова изгреа над тебе. Зашто, ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак – народите; а над тебе ќе засветли Господ, и славата Негова ќе се јави над тебе. И народите ќе дојдат кон твоето видело, царевите – кон светлината што изгрева над тебе. Крени ги очите и погледај наоколу: сите тие се собираат, идат при тебе; твоите синови ќе дојдат од далеку, и твоите ќерки на раце ќе се носат. Тогаш ќе видиш и ќе се зарадуваш, и срцето твое ќе затрепери и ќе се рашири, зашто богатството на морето ќе се сврти кон тебе, имотот на народите ќе дојде при тебе. Множество камили ќе те покријат, едногрби камили од Мадаим и Ефа; сите тие ќе дојдат од Сава, ќе донесат злато и темјан и ќе ја објавуваат славата Господова. Сите кидарски стада ќе бидат собрани при тебе; овните навајотски ќе ти послужат: ќе излезат на жртвеникот Мој како благоугодна жртва, а Јас ќе го прославам домот на Мојата слава. Кои се тие што летаа како облаци, и како гулаби – кон гулабарниците свои? Така, Мене Ме чекаат островите и пред нив – тарсиските кораби, за да ги пренесат синовите твои оддалеку и со нив – сребро нивно и злато нивно, во името на Господа, твојот Бог, и на Светецот Израилев, зашто Он те прослави. Тогаш синовите на другоземци ќе ги градат ѕидовите твои, и нивните цареви – ќе ти служат; зашто во гневот Свој те поразував, но во благоволението Свое ќе бидам милостив кон тебе. Твоите порти секогаш ќе бидат отворени, нема да се затвораат ни дење, ни ноќе, за да се принесува при тебе имотот на народите и да се доведуваат нивните цареви. Зашто народот и царствата, кои нема да сакаат да ти служат, ќе загинат, и а таквите народи сосема ќе бидат истребени. Славата на Ливан ќе дојде при тебе со кипарис, бор и кедар заедно, за да го украси местото на Моето светилиште, – а Јас ќе го прославам подножјето на нозете Свои. И ќе дојдат при тебе со покорност синовите на оние, што те измачуваа, ќе ти се клањаат пред нозете твои сите што те презираа; ќе те наречат град на Господа, Сион на Светецот Израилев. Затоа што беше изоставен и намразен, така што никој не минуваше преку тебе, – Јас ќе те направам вечна слава, и радост од род во род. Ти ќе се наситуваш од млекото на народите, и ќе смукаш од царски гради, и ќе познаеш дека Јас, Господ, сум твој Спасител и твој Искупител, Силниот Јаковов. Место бакар ќе ти испраќам злато, место железо – сребро, и место дрво – бакар, а место камења – железо; и ќе го поставам мирот за твој управител и правдата – за твои надзорници. Нема повеќе да се слуша за насилство во земјата твоја, ниту опустошување и разурнување – во пределите твои; и ѕидовите свои ќе ги нарекуваш спасение и портите свои – слава. Нема повеќе сонцето да ти биде видело на денот, ниту сјајот на месечината – ќе ти свети; Господ ќе ти биде вечна светлина, и твојот Бог – твоја слава. Нема да заоѓа веќе твоето сонце, ниту твојата месечина ќе се потемнува, зашто Господ ќе ти беде вечна светлина; ќе се свршат дните на твоето тагување. И сиот народ твој ќе биде праведен, засекогаш ќе ја наследи земјата, – фиданка од она што сум го посадил, дела на рацете Мои, за Мое прославување. Од мал народ ќе се намножат илјади, од најслабиот – силен народ. Јас, Господ, ќе побрзам да го завршам тоа навреме. Духот на Господа Бога е врз Мене, зашто Господ Ме помаза за да им благовествувам на бедните, Ме испрати да лекувам сокрушени по срце, да им приповедам на заробените и на затворениците – отворање на темницата, да ја проповедам благопријатната Господова година и денот за одмазда на нашиот Бог; да ги утешам сите оние што тагуваат, да им соопштам на оние што тагуваат на Сион, дека ним место пепел ќе се даде украсување, место плачење – елеј на радост, место опаднат дух – славна одежда; и ќе ги наречат силни со правда, градина на Господа за Негова слава; и ќе ги изградат вековните пустињи, ќе востановат стари урнатини и ќе подноват разурнати градови, запустени од дамнешни родови. Тогаш ќе дојдат туѓинци, и ќе ги пасат стадата ваши; синовите на туѓинците ќе бидат ваши земјоделци и ваши лозари. А вие ќе се нарекувате свештеници на Господа, – служители на нашиот Бог ќе ве нарекуваат; ќе се користите со имотот на народите и ќе се прославувате со нивната слава. Заради тоа што бевте посрамени двојно ќе ви биде дадено; поради навредувањето тие ќе се радуваат на својот дел, зашто во земјата ќе добијат двојно; вечна веселба ќе има кај нив. Оти Јас, Господ, ја сакам правдата, го мразам грабежот со насилството, и ќе им дадам награда според вистината и ќе направам со нив вечен завет; и семето нивно ќе биде познато меѓу народите, и потомството нивно – меѓу племињата; сите, што ќе ги видат, ќе познаат, дека се тие семе благословено од Господа. Многу ќе се радувам во Господа, душата моја ќе се развесели во мојот Бог: зашто Он ме облече во спасителна облека, ми облече облека на правда, како на младоженец ми стави венец и како невеста со накит ме украси. Зашто – како што земјата ги произведува растенијата свои, и како што во градината расте сѐ што ќе се посее – така Господ Бог ќе направи да никне правда и слава пред сите народи. Нема да замолчам заради Сион, ниту ќе се успокојам заради Ерусалим, додека правдата негова не изгрее како светлина, и спасението негово – како запалена светилка. И народите ќе ја видат твојата правда, и сите цареви – твојата слава; и ќе ги наречат со ново име, кои устата Господова ќе го изрече. И ќе бидеш венец на слава во раката Господова и царска круна – врз дланката на твојот Бог. Нема веќе да те нарекуваат »изоставен«, ниту земјата твоја повеќе ќе ја именуваат »пустиња«, туку ќе те нарекуваат »Мое благоволение кон него«, а земјата твоја – »омажена«, зашто Господ благоволил кон тебе, и земјата твоја цела ќе биде населена. Како што момче се жени со мома, така и синовите твои ќе се соединат со тебе; и како што младоженецот се радува на невестата, така ќе ти се радува тебе твојот Бог. На ѕидовите твои Ерусалиме, поставив стража, која нема да молкне ни дење, ни ноќе. О, вие што го спомнувате Господа, не замолкнувајте! Не замолчувајте пред Него, додека Он не го обнови Ерусалим и додека не ја издигне славата негова на земјата. Господ се заколна во десницата Своја и во силната мишка Своја: нема повеќе да го давам твоето жито за храна на непријателите твои; и синови на туѓинци нема да го пијат виното твое, за кое си се трудел; но собирачите негови ќе го јадат и ќе го слават Господа, и берачите на грозјето ќе го пијат виното негово во дворовите на Моето светилиште. Минувајте, минувајте низ портите, приготвувајте пат за народот! Рамнете, рамнете го патот, собирајте ги камењата, кренете знаме за народите! Ете, Господ објавува до крајот на земјата: кажете ѝ на ќерката Сионова: твојот Спасител иде; наградата Негова е со Него, а отплатата Негова – пред Него. И ќе ги наречат свет народ, откупен од Господа, а тебе ќе те наречат »баран«, град неизоставен. Кој е Оној, Кој иде од Едом, во црвена одежда од Восор, Кој е толку величествен во облеката Своја, Кој пристапува во полната сила Своја? – »Јас сум, Кој изрекувам правда и сум силен да спасувам.« Зошто Твојата облека е црвена, и твоите одежди – како на оној, што газел во каца? »Јас газев во каца сам, и никој од народите не беше со Мене; Јас ги газев во гневот Свој и ги газев во јароста Своја; крвта нивна ми ја прскаше облеката Моја; ја извалкав целата облека Моја; зашто денот за одмазда е во срцето Мое, и годината на искупените од Мене настапи. Јас гледав – и немаше помошник; се чудев, зошто немаше кој да ме поткрепи; но Мојата мишка Ми помогна, и Мојот гнев – тој Ме поткрепи: и во гневот Свој ги згазив народите, ги уништив во јароста Своја и ја излеав на земјата крвта нивна.« Ќе се сеќавам на милоста и славата Господова, за сѐ што Господ ни дарува, за големата Негова благост кон домот Израилев што Он ја укажа по милосрдноста Своја и по многуте добрини Свои. Он рече: »Навистина, тие се Мој народ, деца што нема да излажат,« – и Он ќе биде нивни Спасител. Во секоја нивна жалост Он не ги оставаше и Ангелот на Неговото лице ги спасуваше; со Својата љубов и добросрдечност Он ги искупи, ги зеде и ги носеше през сите древни дни. Но, тие се возбунтуваа и Го огорчија Неговиот Свет Дух; затоа Он им стана непријател, така што Сам војуваше против нив. Тогаш народот Негов си спомна за древните дни, деновите на Мојсеја: каде е Оној што ги изведе од морето со пастирот на Своите овци? Каде е Оној што Го вложи во неговото срце Својот Свет Дух? Кој го водеше Мојсеја за десната рака со Својата величествена мишка и ги раздели пред нив водите, за да си создаде вечно име? Кој ги водеше преку бездни, како коњ по степи и тие не се сопинаа? Како што стадо слегува во долина, – така Духот на Господа ги води кон покој. Така и Ти го водеше Својот народ, за да си создадеш славно име. Ѕирни од небесата и погледни од Твоето живеалиште на светињата Твоја и на славата Твоја: каде се ревноста и силата Твоја? Големата Твоја милосрдност и милоста Твоја кон мене запрени се. Само Ти си Отец наш; зашто Авраам не нѐ познава, ниту Израил нѐ признава за свои; Ти, Господи, си наш Отец, отсекогаш Твоето име е: »Искупител наш.« Зошто Господи, си допуштил да се отстраниме од Твоите патишта, да се ожесточи срцето наше, за да не се плашиме од Тебе? Сврти се заради Твоите слуги, заради племињата на Твоето наследство. Кратко време владееше над него народот на Твојата светиња: непријателите наши го изгазија твоето светилиште. Ние станавме такви, како над кои никогаш да не си владеел, и над кои името Твое да не се спомнувало. О, да беше ги раскинал Ти небесата и да беше слегол! Горите би се стопиле од лицето Твое, како оган што растопува восок, како од оган што вода зовира, така ќе го познаат името Твое напријателите и од Твоето лице ќе затреперат народите. Кога вршеше страшни дела, од нас неочекувани, и слегуваше, – гори се топеа од Твоето лице. Зашто од секогаш не бевме слушале, не бевме внимавале со увото, и никое око не беше видело друг бог, освен Тебе, којшто направил толку многу за оние, кои на Него се надеваат. Ти милостиво го пресретнуваше секого, кој се радуваше и кој вршеше правда, кој Те спомнуваше на Твоите патишта. Но, ете, Ти се разгневи, зашто ние одамна грешевме; па како тогаш ќе бидеме спасени? Сите ние станавме како нечист човек, и секоја наша правда – како извалкана облека; сите попаѓавме како лист; а беззаконијата наши како ветар нѐ однесуваат. Нема никој кој би го повикувал Твоето име, кој би установил да се држат здраво за Тебе: затоа Ти го сокри лицето Свое од нас и нѐ остави да гинеме од беззаконијата свои. Но сега, Господи, Ти си наш Отец; ние сме глина, а Ти – наш грнчар, сите сме дело на Твоите раце. Немој да се гневиш безмерно, Господи, и немој вечно да го помниш беззаконието. Но, погледај: сите сме Твој народ. Градовите на Твојата светиња станаа пустелија; пустиња стана Сион; Ерусалим е опустошен. Домот на нашата светиња и на нашата слава, каде што татковците наши Те прославуваа, од оган изгоре, а сите наши добра така пропаднаа. По сево ова, ќе се воздржуваш ли уште, Господи, ќе молчиш ли и ќе нѐ казнуваш ли без мерка? Јас им се открив на оние, кои не прашуваа за Мене, кои не Ме бараа: »еве Ме, еве Ме!« – му велев на народ, кој не го повикуваше името Мое. Секогаш ги протегав рацете Свои кон непокорниот народ, кој одеше по лош пат, – по своите помисли, – кон народ, кој постојано Ме наскрбува в лице, принесува жртви во шумичките и пали темјан на црепчиња, седи во гробови и ноќева во пештери; јаде свинско месо, а во садовите негови има гнасно вариво; кои велат: »Застани, не се доближувај до мене, зашто сум свет за Тебе.« Тие се дим на ноздрите Мои. – оган што гори секој ден. Ете, што е напишано пред лицето Мое: нема да премолчам, туку ќе отплатам, ќе отплатам во пазувата нивна, за нивните беззаконија, вели Господ, и заедно со беззаконијата на татковците нивни, кои кадеа темјан по планините, и по ридовите Ме навредуваа, – ќе им одмерам во пазувите нивни и за нивните поранешни дела. Вака вели Господ: »Кога во гроздот има сок, не го повредувај, зашто во него има благослов; исто ќе направам и за Моите слуги, та сите да не ги погубам. И ќе произведам од Јакова потомство, а од Јуда – наследник на Моите гори; и тоа ќе го наследат Моите избрани, таму ќе живеат слугите Мои. И Сарон ќе биде пасиште за овци, а долината Ахор – пладниште за говедата на Мојот народ, кој Ме побара. А вас, кои го оставивте Господа, ја заборавивте Мојата света гора, готвите трпеза за Гад и отворате полна чаша за Мени, – вас ве определив за меч, сите ќе се наведнете за колење, зашто викав – и не одговаравте, говорев – не слушавте, но вршевте зло пред очите Мои и го избиравте она, што не беше по волјата Моја.« Затоа вака вели Господ Бог: »Ете, слугите Мои ќе јадат, а вие ќе гладувате; слугите Мои ќе пијат, а вие ќе се измачувате од жед; слугите Мои ќе се веселат, а вие ќе бидете во срам; слугите Мои ќе пеат од срдечна радост, а вие ќе пиштите од срдечна жалост и ќе плачете од отпаднатоста на вашиот дух. И ќе им го оставите името свое на Моите избрани за проклетство; а тебе ќе те убие Господ Бог, и слугите Свои ќе ги нарече со друго име, оној, што се благословува на земјата, нека се благословува со вистинскиот Бог; и кој се колне на земјата, нека се колне со вистинскиот Бог, – зашто поранешните жалости ќе бидат заборавени и сокириени од Моите очи. Оти, ете, Јас создавам ново небо и нова земја, а поранешните нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат. А вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што јас го создавам: зашто, ете, Јас ќе го создавам Ерусалим за веселба, а народот негов – за радост. Ќе се радувам за Ерусалим и ќе се веселам за Мојот народ; и нема повеќе да се чуе глас во него од плачење и глас од пискот. Таму веќе нема да има малолетен ни старец, што нема да ги исполни деновите свои; стогодишникот умира како момче, но умира ли стогодишен грешник, ќе биде проколнуван. Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни. Нема да градат, за да живее друг, нема да садат, за да јаде друг; зашто дните на народот Мој ќе бидат како дните на дрво, и моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои. Нема да се трудат напразно и да раѓаат деца за скрб; зашто ќе бидат семе, благословено од Господа, и потомците нивни со нив. И пред тие да повикаат, Јас ќе одговорам; тие уште ќе говорат, а Јас веќе ќе ги чујам. Волк и јагне ќе пасат заедно, а лавот ќе јаде слама како вол, а на змијата правот ќе ѝ биде храна: тие нема да причинуваат зло и штета по целата Моја света гора«, вели Господ. Вака вели Господ: небото е Мој престол, а земјата – подножје на нозете Мои; каде тогаш ќе изградите дом за Мене, каде е местото на Мојот спокој? Зашто, сето тоа го создаде Мојата рака, и сето тоа е Мое, вели Господ. А еве на кого ќе погледам: на смирениот и паднатиот со дух и на оној што трепери пред Моето слово. А кој коле вол, е исто, како оној што убива човек; кој принесува јагне за жртва, е исто, како оној што задушува куче; кој принесува дар, е исто, како оној што принесува свинска крв; кој кади темјан, е исто, како оној што се моли на идол. Тие го избрале тоа на своите патишта, и душата нивна наоѓа задоволство во одвратностите нивни, – така и Јас ќе ја употребам нивната измама и ќе го испратам врз нив она, што е за нив ужасно; зашто викав – и нема кој да одговори, говорев – и тие не слушаа, а вршеа зло пред очите Мои и го избираа она што Ми беше неугодно. Чујте го словото на Господа вие, што треперите пред словото Негово: вашите браќа, кои ве мразат и кои ве гонат заради Моето име, велат: »Нека се јави Господ во Својата слава, па да ја видиме радоста ваша.« Но тие ќе бидат посрамени. Ете, шум од градот, глас од храмот, глас од Господа, Кој дава отплата на непријателите Свои: Уште не беше почувствувала родилни маки, и роди; пред да настапат болките нејзини, роди син. Кој слушна такви нешто? Кој видел слично на тоа? Никне ли од земјата во еден ден? Се раѓа ли народ наеднаш, како Сион: штотуку почна да се мачи од родилни болки, – ги роди синовите свои? Зар Јас кога ќе ја отворам утробата на мајката – таа нема да роди? вели Господ. Или Јас Кој давам да се роди, ќе ја заклучам ли утробата – вели твојот Бог. Развеселете се со Ерусалим радувајте се за него сите, што го сакате! Радувајте се со него радосно сите што тагувате по него, за да се храните и наситувате од градите на утехите негови, да се опивате и насладувате од изобилната слава негова. Зашто вака вели Господ: »Ете, ќе навртам кон него мир како река, и богатство на народите – како поток, кој се разлива, за ваша наслада; на раце ќе ве носат и на колена ќе ве милуваат. Како што некого го утешува мајка така ќе ве утешам и Јас; ќе бидете утешени во Ерусалим. И ќе го видите тоа, и ќе се зарадува срцето ваше, и коските ваши ќе цутат како свежо растение, и раката на Господа ќе се јави врз слугите Негови, а на непријателите свои Он ќе се разгневи. Зашто, ете, ќе дојде Господа во оган, и колите Негови – како виор, за да го излее гневот свој со јароста и заплашувањето Свое – со пламнат оган. Зашто Господ ќе суди со оган и со мечот Свој над секоја плот, и многумина ќе бидат убиени од Господа. Оние, што се оветуваат и очистуваат во шумичките еден по друг, кои јадат свинско месо и гадотии и глувци, – сите ќе загинат вели Господ. Зашто Јас ги знам делата нивни и мислите нивни; ете, ќе дојдам да ги соберам сите народи и јазици, и тие ќе дојдат и ќе ја видат славата Моја. И ќе ставам на нив белег, и од преживеаните меѓу нив ќе испратам кон народите: во Тарсис, во Фуд и Луд, во Мосох, во Товел и во Елада, и во далечните острови, кои не чуле за името Мое и не ја виделе славата Моја; и тие ќе му ја објават на народот славата Моја, и ќе ги претстават сите ваши браќа од сите народи како дар на Господа на коњи и коли, на носилки, на маски и на брзи камили, – на Мојата света гора, во Ерусалим, вели Господ, – исто како што синовите Израилеви принесуваат дар во домот Господов во чист сад. И од нив ќе земам свештеници и левити, вели Господ. Зашто, како што новото небо и новата земја, кои Јас ќе ги создадам, ќе бидат секогаш пред лицето Мое, вели Господ, така ќе постои и потомството ваше и името ваше. Тогаш од месец на месец, и од сабота во сабота ќе доаѓа секоја плот пред лицето Мое на поклонение, вели Господ. И ќе излегуваат и ќе ги видат труповите на луѓето што отстапиле од Мене; зашто црвот нивни нема да умре, ниту огнот нивни ќе угасне и ќе бидат одвратност за секоја плот.« Зборовите на Јеремија, – синот на Хелкија, еден од свештениците кој живееше во Анатот, во земјата Венијаминова, – кому му беше упатено слово Господово во времето на Јосија, син на јудејскиот цар Амон, во тринаесеттата година од царувањето негово, а и во деновите на Јоакима, синот на јудејскиот цар Јосија, до крајот на единаесеттата година од царувањето на Седекија, син на јудејскиот цар Јосија, додека не беше преселен во Ерусалим во петтиот месец. И би до мене слово Господово: »Пред да те обликувам во утробата, Јас те познав, и пред да излезеш од утробата, те посветив: те поставив за пророк на народите.« Јас, пак, одговорив: »О, Господи Боже, не умеам да говорам, зашто сум уште млад.« Но Господ ми рече: »Не вели: – млад сум; – зашто до сите, до кои ќе те испратам, ќе одиш, и сѐ, што ќе ти заповедам, ќе кажеш. Не плаши се од нив; зашто Јас сум со тебе, за да те избавам«, рече Господ. И ја протегна Господ раката и се допре до устата моја; и ми рече Господ: »Ете, Јас ги ставив Моите зборови во устата твоја. Гледај, Јас те поставив денес над народи и царства, за да искоренуваш и разурнуваш, да погубуваш и да разрушуваш, да ѕидаш и да насадуваш.« И пак би слово Господово до мене: »Што гледаш, Јеремиј?« Одговорив: »Гледам гранка од бадемово дрво.« Господ ми рече: »Добро гледаш, зашто Јас бдеам над Моето слово, за да се изврши тоа скоро.« И по вторпат би слово Господово кон мене: »Што гледаш?« Одговорив: »Гледам котел што врие, а отворот му е спрема север.« И ми рече Господ: »Од север ќе навлезе злото врз сите луѓе што живеат на земјата. Зашто, ете, Јас ќе ги свикам сите племиња на северните царства – вели Господ – и тие ќе дојдат, и секој ќе го постави престолот свој при влезот на ерусалимските порти, околу сите ѕидишта негови и во сите јудејски градови. И ќе го изречам судот Свој врз нив за сите нивни беззаконија, зашто што Ме оставија и кадеа темјан на други богови и им се поклонуваа на идоли, дела од нивните раце. А ти препаши ги бедрата свои и стани, та кажи им сѐ, што ќе ти заповедам; не биде малодушен пред нив, за да не те поразам пред очите нивни. И ете, Јас те поставив денес како утврден град, како железен столб и како бакарен ѕид против сите цареви јудини и кнезовите на целата таа земја, против свештениците негови и против народот на таа земја. Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто Јас сум со тебе, за да те избавувам« – вели Господ. И пак би словото Господово до мене: »Оди и извикај во ушите на Ерусалим – вака вели Господ: ‚се сеќавам на милоста во младоста твоја, на твојата љубов, кога како невеста, тргна по Мене во пустињата, во незасеана земја.‘ Израилот му беше на Господа светиња, првина од плодовите Негови: сите, што јадеа од нив, биваа осудувани, ги стигнуваше зло,« вели Господ. Чујте го словото Господово, доме Јаковов и сите родови на домот Израилев! Вака вели Господ: »каква неправда најдоа во Мене татковците ваши, та се оддалечија од Мене, ја прифатија суетата и станаа суетни; и не рекоа: ‚каде е Господ, Кој нѐ изведе од Египетската земја, нѐ водеше по пустињата, по земја пуста и ненаселена, по земја сува, по земја на смртна сенка, по која никој не одел и во која никој не живеел?‘ А кога ве воведов во земја плодородна, за да се храните од плодовите нејзини и од добрата нејзини; а вие влеговте и ја осквернивте земјата Моја, и сопственоста Моја ја направивте гадотија. Свештениците не рекоа: ‚каде е Господ?‘ И учителите на законот не Ме познаа, и пастирите се одметнаа од Мене, и пророците пророкуваа во името на Ваала и одеа по оние, кои не помагаат. Затоа Јас уште ќе се судам со вас, вели Господ, и со синовите на вашите синови ќе се судам. Затоа отидете на Хистимските острови и разгледајте, и испратете во Кидар и испитајте сесрдно и видете: станувало ли таму нешто слично на тоа? Ги променил ли некој народ боговите свои, иако тие не се богови? А Мојот народ ја менуваше славата своја за она што не помага. Чудете се на тоа, небеса, треперете и грозете се, вели Господ. Зашто две зла изврши Мојот народ: Мене, изворот на жива вода, Ме оставија и си ископаа извори издупчени, кои не можат да држат вода. Зар Израилот е слуга? Или е слуга домородец? Зошто така стана плен? Зарикаа против него млади лавови, нададоа викотници и ја направија земјата негова пустелија; градовите негови му се изгорени, никој не живее во нив. И синовите на Мемфис и Тафна те познаа и ти го избрикоа темето. не ли си го направи тоа сам, оставајќи Ме Мене, твојот Господ Бог во она време, кога Он те водеше по патот? И сега, што бараш во Египет да пиеш вода од Нил? И зошто да одиш во Асирија за да пиеш вода од реките нејзини? Ќе те казни тебе остапувањето твое, и злобата твоја ќе те обезличи: и така познај и размисли, колку лошо и горчливо е тоа, што Ме остави, вели твојот Господ Бог, и не бев спомнуван од тебе, вели Господ, Бог Саваот. Зашто одамна си го скршил јаремот свој, ги раскина твоите вериги, па велеше: – Нема Тебе да Ти служам; но ќе појдам на секој висок рид и под секое лиснато дрво ќе им служам на идоли. Јас те посадив како благородна лоза – најчисто семе; а како се претвори ти во Мене во див ластар од туѓа лоза? Затоа, макар и да се измиеше со сапун и да употребуваш многу пепелница, – твоите беззаконија ќе се покажат пред Мене, вели Господ Бог. Како можеш да кажеш: ‚Јас не се осквернив, и не одев по Ваала?‘ Загледај се во патиштата твои во долината, и увиди што правеше ти, бујна камило, која потскокнува (поттрчнува) наваму натаму? Кој може да додржи навикната на пустиња дива ослица, која со страст во душата своја вдишува воздух? Сите, што ја бараат, нема да се уморат: во месецот нејзин ќе ја најдат. Не им дозволувај на нозете свои да се боси, и грлото твое – да се мачи од жед. Но ти рече: ‚Ништо од тоа, зашто ги сакам туѓите и по нив ќе одам.‘ Како што крадец, кога ќе го фатат, се посрамува, – така ќе се посрами Израилевиот дом: царевите нивни, кнезовите нивни, свештениците нивни и пророците нивни, – велејќи му на дрвото: ‚ти си мој татко‘, и на каменот: ‚ти ме роди‘; зашто тие свртеа кон Мене грб, а не лице; а за време на своето озлобување ќе речат: ‚стани и спаси нѐ!‘ Каде се, пак, твоите богови, што ти си ги направил? Нека станат тие, ако можат – да те спасат за време на твојата неволја; зашто, колку градови имаш, о, Јудо, толку и богови имаш! Зошто да се оправдуваш со Мене? Сите вие постапувате нечесно и грешите против Мене,« вели Господ. Напразно го поразував децата ваши: тие не се вразумија; вашиот меч како истребувачки лав ги јадеше пророците ваши и вие не се уплашивте. О роде, чујте го словото Господово: »Бев ли Јас пустиња за Израилот, бев ли земја неплодна? А зошто Мојот народ вели: ‚ние сами сме си господари, нема повеќе да дојдеме при Тебе?‘ Го заборава ли девицата украсот свој, и невестата – накитот свој? а Мојот народ Ме заборави – има веќе безброј дни. Како лукаво ги насочуваш ти патиштата свои, за да придобиеш љубов, и поради тоа дури и кон престапи ги нагодуваше патиштата твои. Дури по твоите поли има крв од бедните, невини луѓе; нив не ги затеков во ров, туку при секоја дубрава. Велиш: ‚бидејќи сум невина, навистина гневот Негов ќе се одврати од мене.‘ – Ете, Јас ќе се судам со тебе, затоа што велиш: ‚не згрешив.‘ Зошто толку многу скиташ, менувајќи го патот свој? Ти исто така ќе бидеш посрамена и од Египет, како што беше посрамена од Асирија; и од него ќе излезеш со рацете на глава, зашто Господ ги отфрла твоите надежи, и нема да имаш со нив успех.« Велат: ако мажот ја напушти жената своја, и таа го остави и стане жена на друг маж, може ли таа да се врати при него? Нема ли со тоа да се оскверни таа земја? А ти со мнозина милосници блудствуваше, – и при сето тоа врати се при Мене, вели Господ – Крени ги очите кон идолските светилишта и гледај каде ли не блудствувале со тебе? По патиштата седеше ти заради нив како арапин во пустиња, и ја оквернуваше земјата со твојот блуд и со твоето лукавство. Заради тоа беа запрени дождовите и немаше доцен дожд; но ти имаше чело на блудница, – не сакаше да се засрамиш. Нема ли да викаш отсега кон Мене: »Оче, Ти беше наставник на младоста моја!« Зар тој секогаш ќе биде во гнев, и зар вечно ќе го задржува во Себеси? Ете, што зборуваш ти, а вршиш зло и во тоа не успеваш. Господ ми рече во дните на царот Јосија: виде ли ти, што врши отстапницата, ќерката Израилева? Таа оди на секоја висока гора и под секое лиснато дрво, и таму блудствува. И откако таа го вршеше сето тоа, Јас велев: »врати се при Мене, но таа не се врати; и го виде тоа нејзината вероломна сестра Јудеја.« И видов, дека, кога заради сите прељубни дејствија на отстапницата, ќерката Израилева, Јас ја напуштив и ѝ дадов разводно писмо; вероломната ѝ сестра, Јудеја, не се исплаши, туку отиде и сама блудствуваше. И со јавното блудно дејствување таа ја оскверни земјата, и прељуба вршеше и со камен и со дрво. Но при сето тоа нејзината вероломна сестра Јудеја не се обрна кон Мене од сѐ срце, туку само привидно – рече Господ. И ми рече Господ: »отстапницата, ќерката Израилева, излезе поправа, отколку вероломната Јудеја.« Оди и разгласи ги тие зборови спрема север и кажи: – врати се, отстапнице, ќерко Израилева – вели Господ. Јас нема да го излијам врз вас Мојот гнев; зашто Јас сум милостив, – вели Господ – нема вечно да негодувам. Признај ја само вината своја: зашто отстапи ти од Твојот Господ Бог и се распушти со туѓи под секое лиснато дрво, а Мојот глас не го слушаше, вели Господ. Вратете се деца – отстапници, вели Господ, зашто Јас се соединив со вас, и ќе земам од вас по еден од град и по двајца од племе и ќе ве поведам на Сион. И ќе ви дадам по срцето Свое пастири, кои ќе ве пасат со знаење и благоразумност. И кога ќе се размножите и ќе станете многуплодни на земјата, тогаш, вели Господ, нема повеќе да велите: »ковчегот на заветот Господов; тој ни на ум нема да им дојде, и нема да се сетат за него, ниту ќе доаѓаат при него, ниту пак ќе го има повеќе.« Во тоа време Ерусалим ќе го наречат престол на Господа, и сите народи заради името Господово ќе се соберат во Ерусалим и нема повеќе да постапуваат според упорноста на лошото си срце. Во тие дни Јудиниот дом ќе дојде при Израилевиот дом, и ќе дојдат заедно од северната земја во земјата, која Јас им ја дадов во наследство на татковците ваши. И реков Јас: »како да те поставам меѓу синовите и да ти ја дадам многу саканата земја, најпрекрасното наследство на многуте народи?« И реков: »ти ќе Ме нарекуваш твој Отец и нема да остапиш од Мене.« Но, навистина, како што жена вероломна го изневерува сопругот свој, така вероломно постапивте со Мене вие, доме Израилев, вели Господ. Нека се чуе глас по идолските светилишта, жален плач на Израилевите синови, затоа што тие го свртија својот пат, го заборавија Господа, својот Бог. Вратете се, синови одметници: Јас ќе го излекувам вашето непокорство. – Еве, ние идеме при Тебе, зашто Ти си Господ, Бог наш. Навистина, напразно се надевавме на ридовите и на многуте гори; навистина, во нашиот Господ Бог, е Израилевото спасение! Уште од млади години таа гадотија ги уништуваше трудовите на нашите татковци, овците и воловите нивни, синовите и ќерките нивни. Ние лежиме во својот срам, а нашиот срам нѐ покрива, зашто грешевме пред нашиот Господ Бог, – ние и татаковците наши, уште од младите години наши дури до овој ден. – И не го слушавме гласот на Господа, нашиот Бог. Ако сакаш да се обрнеш, Израиле, вели Господ, обрни се кон Мене; и ако ги отклониш гадотиите од пред Моето лице, ти нема да скиташ, и ќе се колнеш: вистински верно и праведно: жив е Господ. И народите од Него ќе се благословуваат и со Него ќе се фалат. Зашто вака им вели Господ на мажите од Јудеја и од Ерусалим: изорајте си нови ниви и не сејте меѓу трње. Обрежете се заради Господа и симнете го крајчето од срцето свое, мажи Јудини и ерусалимски жители, за да не се јави Мојот гнев како оган и да не пламне неизгасливо поради вашите лоши наклоности. Објавете во Јудеја, и разгласете во Ерусалим, говорете и трубете со труба по земјата; викајте силно и велете: »соберете се, и да влеземе во утврдените градови.« Кренете го знамето кон Сион – бегајте, не се запирајте, зашто Јас ќе донесам од север зло и голема погибел. Излегува лав од својот честар, тргнува истребителот на народите: тој излегува од местото свое, за да ја направи земјата твоја пустиња, градовите твои ќе бидат сосипани, ќе останат без жители. Затоа опашете се со вреќиште, плачете и ридајте, зашто јароста на Господовиот гнев нема да се одврати од нас. И во тој ден, вели Господ, ќе замре срцето на царот и срцето на кнезовите, ќе се ужаснат свештениците и ќе се вчудовидат пророците. И реков: о, Господи Боже, зар Ти само го лажеше овој народ и Ерусалим кога велеше: »мир ќе има кај вас«; а, меѓутоа, меч допре до душата? Во тоа време ќе му биде речено на тој народ и на Еурсалим: топол ветар дува од пустињските височини врз патот на ќерката на Мојот народ, не за да вее, ниту да очистува. И оттаму ќе дојде кон Мене ветар посилен од овој, и Јас ќе искажам суд над нив. Ете, се крева тој како облак, и колите му се како виор, коњите му се побрзи од орли; тешко нив! зашто ќе бидат сосипани. Измиј го злото од срцето свое, Ерусалиме, за да се спасиш: до кога ќе стојат во тебе злосторнички мисли? Зашто веќе се разнесува глас од Дан, и погибелна вест – од Ерфемовата гора: јавете им на народите, известете го Ерусалим, дека идат од далечна земја опсадувачи и со викања ги исполнуваат градовите на Јудеја. Како чувари на нивите го оградуваат од сите страни, зашто тој се крена против Мене, вели Господ. Тоа ти го направија твоите патишта и делата твои; од твојата нечесност ти е толку горчливо, што допира до срцето твое. Утробо моја! Утробо моја! нажален сум до дното на срцето свое, се бранува во мене срцето мое, не можам да молчам; зашто ти слушаш, душо моја, звук од труба, боен повик. Зло по зло, целата земја се опустошува, ненадејно беа соборени шаторите мои, за миг – сениците мои. Долго време ли ќе гледаме знаме, ќе слушаме трубен звук? Тоа произлегува оттаму, што водачите на Мојот глупав народ не Ме познаваат: тие се безумни синови, и нема во нив расудување: тие се мудри за зло, но не умеат да вршат добро. Ја гледам земајта – и ете, таа е разорана и пуста, – небесата, и нема на нив светлина. Ги гледам горите – и ете, тие треперат, и сите ридови се нишаат. Гледам – и ете, нема човек, и сите небески птици одлетале. Гледам – и ете, Кармил е пустиња, и сите негови градови се сосипани од лицето Господово, од јароста на гневот Негов. Зашто вака рече Господ: – целата земја ќе биде опустошена, но целосно истребување нема да извршам. Ќе заплаче земјата поради тоа, и небесата ќе се затемнат, зашто Јас реков, Јас решив, и нема да се покајам за тоа, ниту ќе отстапам од него. Од викот на коњаници и на стрелци ќе се разбегаат сите градови: тие ќе отидат во густи шуми и ќе се искачат на карпи; сите градови ќе бидат напуштени, и во нив нема никој да живее. А ти, опустошена, што ќе правиш? Макар и да се облекуваш во пурпур, и да се украсуваш со златни накити, да си ги украсуваш со боја очите свои – залудо ќе се украсуваш: те презираат наложниците – ти ја бараат душата твоја. Зашто Јас слушам глас како на жена, кога раѓа, стенкање како на онаа, која раѓа за првпат, глас на ќерката Сионска; таа стенка, протегајќи ги рацете: »о, тешко мене, душата моја исчезнува пред убијците.« Поминете по ерусалимските улици, погледајте, испитајте и побарајте по плоштадите негови, нема ли да најдете човек, нема ли таков, кој пази правда, кој ја бара вистината? – па ќе му простам на Ерусалим. Макар и да велат: »жив Господ!« но тие лажно се колнат. О, Господи, Твоите очи не ли се свртени кон вистината? Ти ги поразуваш, а тие не чувствуваат болка; Ти ги истребуваш, а тие не сакаат да се вразумат; ги направиле лицата свои поцврсти од камен – не сакаат да се обратат. Па си реков: – тоа се, можеби, сиромаси; тие се глупави, зашто не го знаат патот Господов, законот на својот Бог. Ќе одам кај големците и ним ќе им зборувам, зашто тие го знаат патот Господов, законот на својот Бог. Но и тие сите го скршија јаремот, ги раскинаа веригите. Поради тоа лав од шумата ќе ги порази, пустински волк ќе ги истреби, леопард ќе ги демне крај градовите нивни: кој ќе излезе од нив ќе биде раскинат; зашто се намножија престапите нивни, се засилија отстапувањата нивни. Како да ти го простам тоа? Твоите синови Ме оставија и се колнат во оние, што не се богови. Јас ги наситував, а тие вршеа прељуба и во групи одеа во куќите на блудниците. Тоа се како угоени коњи: секој од нив 'ржи по жената на ближниот свој. Зар да не казнам поради тоа – вели Господ; а душата Моја нема ли да одмазди на таков народ, како овој? Качувајте се на ѕидиштата негови и урнувајте ги, но не до крај; уништете ги нивните диреци, зашто тие не се Господови; оти домот Израилев и домот Јудин постапија спрема Мене многу вероломно, вели Господ; тие излагаа против Господа и рекоа: »не, зло нема да нѐ снајде, и ние нема да видиме ни меч, ни глад.« И пророците се ветар, и слово Господово нема во нив, врз нив самите нека се збидне тоа. Поради тоа вака вели Господ, Бог Саваот: »затоа што говорите такви зборови, ете, Јас ќе ги направам Моите зборови во устата твоја оган, а овој народ – дрва, и овој оган ќе ги проголта.« Ете, ќе доведам против вас, доме Израилев, народ од далеку, вели Господ, народ силен, народ одамнешен, народ, чиј јазик не го знаеш, и нема да разбираш, што ќе ти зборува. Торбата за стрели му е како отворен гроб; сите тие се храбри луѓе. И ќе ја изедат жетвата твоја и лебот твој, ќе ги изедат синовите твои и ќерките твои, ќе ги изедат овците твои и воловите твои, ќе го изедат лозјето твое и смоквите твои; ќе ги разрушат со меч утврдените градови твои, на кои ти се надеваш. Но и во тие дни, вели Господ, нема да ве истребам сосема. И ако речете: »зошто нашиот Господ Бог ни го прави сево ова?« Он ќе им одговори: »бидејќи Ме оставивте и им служите на туѓи богови во своја земја, затоа ќе служите на туѓинци не во вашата земја.« Објавете го тоа во домот Јаковов, разгласете во Јудеја, велејќи: чуј го ова, народе безумен и неразумен, кој имаш очи, а не гледаш, имаш уши, а не слушаш: »од Мене ли не се плашите«, вели Господ, пред Мене ли не треперите? Јас ставив песок како граница на морето, за вечен предел, кој нема да премине; и макар што брановите негови ќе надојдат, но не ќе можат да се прелијат; макар што се упорни, но не ќе можат да го префрлат. А овој народ има упорно и непокорно срце; тие отстапија и тргнаа. И не рекоа во срцето свое: да се уплашиме од нашиот Господ Бог, Кој ни дава навреме дожд, ран и доцен, ги пази за нас седмиците, одредени за жетва. Вашите беззаконија го отфрлија тоа, и вашите гревови го отстранија од вас тоа добро. Зашто меѓу Мојот народ има безбожници: пазат како сокриени ловци на птици, се влечат по земјата, ставајќи стапици за да ловат луѓе. Како кафез, со птици, домовите нивни се полни со измама: а преку тоа тие се издигнаа и се збогатија; се здебелија, злото надмина секоја мерка, не разгледуваат судски дела, дела на сираци; и добро им е, иако не ги пресудуваат праведните дела на сиромасите. Зар нема да казнам заради тоа – вели Господ; и нема ли да се одмазди душата Моја на таков народ, како овој? Нешто исклучително и ужасно, станува во таа земја: пророците пророкуваат лага, свештениците господарат преку нив – и Мојот народ го сака тоа. Што всушност ќе правите по сето тоа? Бегајте, деца Венијаминови, од Ерусалим, трубете со труба во Текоја и јавете преку оган во Вет – Акерем, зашто откај север се појавува зло и голема погибел. Јас ја разубавив ќерката Сионова, прекрасна и разнежена. Ќе дојдат кај неа пастири со стадата свои, ќе распнат шатори околу неа; секој ќе го пасе својот дел. Гответе против неа војна; станувајте да тргнеме на пладне. Тешко нам! Денот веќе одминува, се спушаат вечерни сенки. Станувајте да одиме и ноќе, и да ги срушиме нејзините дворци! Зашто вака вели Господ Саваот: сечете дрвја и кревајте насипи против Ерусалим: тој град треба да се казни; во него се врши секакво насилство. Како што од извор блика вода, така и од него блика зло: во него се слуша насилство и отимање, пред Моето лице секогаш има навреди и рани. Вразуми се, Ерусалиме, за да не се отстрани од тебе душата Моја и да не те направам пустиња, земја ненаселена. Вака вели Господ Саваот: докрај ќе ги оберат остатоците на Израилот, како грозје; работи со раката своја, како берач на грозје, кога полни кошници. Кому да му говорам и кого да го убедувам, за да чујат? Ете, нивното уво е необрезано, и тие не можат да слушаат; ете, словото Господово кај нив е за потсмев; тоа им е непријатно. Поради тоа јас сум преполнет со Господова јарост, не можам да ја држам во себеси; ќе ја излеам врз децата по улиците и врз собрани младинци, ќе бидат земени маж со жена, старец со млад. И куќите нивни ќе ги присвојат други, исто така и нивите и жените; зашто ќе ја протегнам раката Своја врз жителите на таа земја, вели Господ. Зашто од мал до голем, секој од нив се предал на лакомост, и пророк и свештеник – сите дејствуваат лажливо: ги лекуваат раните на Мојот народ лесномислено, велијќи: »мир! мир!« а мир нема. Се срамуваат ли тие, кога вршат гадотии? Не, никако не се срамуваат и не црвенеат. Затоа ќе паднат меѓу паднатите, и во време на Мојата посета ќе бидат соборени, вели Господ. Вака вели Господ: – застанете на вашите патишта, разгледајте и распитајте за дамнешните патишта, каде е добриот пат, врвете по него, и ќе најдете спокојство на душите свои. Но тие рекоа: нема да врвиме. И поставив чувари над вас, и реков: »слушајте го звукот на трубата.« Но тие рекоа: – нема да слушаме. И така, чујте народи, и знај, собрание, што ќе стане со нив. Чуј, земјо: ете, ќе испратам против овој народ погибел, плод на помислите нивни; зашто тие не ги слушаа Моите зборови и Мојот закон го отфрлија. Зошто Ми е Ливан, што иде од Сава, и миризлива трска – од далечна земја? Вашите сепаленици не Ми се угодни, и вашите жртви не Ми се пријатни. Затоа вака вели Господ: ете, поставувам пред овој народ пречки, и ќе се сопнат од нив таткото и децата заедно, соседот и неговиот пријател, и ќе загинат. Вака вели Господ: – ете, иде народ од северна земја, и голем народ се крева од земните краишта; во рацете држат лак и копје; тие се жестоки и немилостиви, гласот нивни им бучи како море, и летаа на коњи, наредени како еден човек, за да удрат протв тебе, ќерко Сионова. Чувме вест за нив, и рацете ни премалеа, скрб нѐ обзеде, маки – како жена при раѓање. Не излегувајте на нива и на пат не одете, зашто непријателски меч и ужас од сите страни е. Ќерко на Мојот народ, препаши се со кострет и посипи се со пепел; тагувај како за син единец – горко плачи; зашто ненадејно ќе дојде врз нас погубник. Те поставив за кула среде Мојот народ, за столб, за да знаеш да ги испитуваш нивните патишта. Сите тие се упорни одметници, живеат со клевета; тоа се бакар и железо – сите се расипани. Мевот изгоре; оловото се стопи од огнот; леарот топи напразно, зашто лошите не се отстранија; ќе ги наречат лажно сребро, зашто Господ ги отфрли. Слово, што му дојде на Јеремија од Господа: »Застани при вратата на домот Господов и објави го таму ова слово и кажи: чујте го словото Господово, сите Јудејци, што влегувате низ таа врата да му се поклонувате на Господа. Така вели Господ Саваот, Бог Израилев: ‚исправете ги вашите патишта и вашите дела, и Јас ќе ве оставам да живеете на тоа место.‘ Не се надевајте на лажливите зборови: ‚ова е храмот Господов, храмот Господов, храмот Господов.‘ Но ако ги исправите наполно вашите патишта и вашите дела, ако верно извршувате суд меѓу човекот и ближниот негов, ако не притеснувате другоземец, сирак и вдовица, не пролевате невина крв на тоа место и не тргнете по други богови за ваше зло, Јас ќе ве оставам да живеете на ова место, во оваа земја, што им ја дадов на татковците ваши од века до века. Ете, вие се надевате на лажливи зборови, кои нема да ви донесат полза. Вие крадете и убивате, вршите прељуба и се колнете криво, му кадите на Ваала и одите по други богови, кои не ги познавате, и потоа доаѓате и се исправате пред лицето Мое во овој дом, над кој е повикано името Мое, и велите: ‚спасени сме, за да ги вршите сите тие гадотии и понатаму.‘ Не се претвори ли во вашите очи во разбојничко гнездо овој дом, над кој е повикано името Мое? Ете, Јас го видов тоа, вели Господ. Но одете сега на Моето место во Силом, каде што порано бев одредил да почива Моето име, и видете, што направив со него поради беззаконијата на Мојот народ Израилот. И, бидејќи ги вршите сите тие работи, вели Господ, и Јас ви говорев од рано утро, а вие не слушавте, и ве викав, а вие не одговаравте, – затоа Јас сега ќе постапам исто со овој дом, над кој е призвано Моето име, на кое вие се надевате, и со местото, што ви го дадов вам и на татковиците ваши, како што постапив со Силом. И ќе ве отфрлам од лицето Свое, како што ги отфрлив сите ваши браќа, целото семе Ефремово. А ти, не моли се за овој народ и не вознесувај заради него молитви и молби, и не посредувај пред Мене, зашто нема да те чујам. Не гледам ли, што прават тие во градовите на Јудеја и по улиците ерусалимски? Децата собираат дрва, а татковците палат оган, и жените месат тесто, за да прават банички за божицата на небото и да вршат преливи за други богови, за да Ме огорчуваат. Но Мене ли Ме огорчуваат тие – вели Господ; не себеси ли – за нивни срам? Затоа вака вели Господ Бог: ете, се излива Мојот гнев и Мојата јарост врз ова место, врз луѓето и врз добитокот, врз полските дрвја и врз земните плодови, ќе се разгори и нема да угасне. Вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: – вашите сепаленици поднесувајте ги заедно со вашите жртви и јадете го месото; зашто Јас не им говорев на татковицте ваши и не им давав заповеди за сепаленици и жртви во тој ден, кога ги изведов од Египетската земја; туку ова им го заповедав: ‚слушајте го Мојот глас, и Јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ, и одете по оној пат, по кој ќе ви заповедам, за да ви биде добро.‘ Но тие не послушаа и не го наклонија увото, и живееја по желбите и по упорството на своето лошо срце, и ми свртеа грв, а не лице. Од оној ден, кога татковицте ваши излегоа од Египетската земја, до денес ги испраќав при вас слугите Свои – пророците, ги испраќав секој ден од рано утро и постојано, но тие не Ме послушаа и не го наклонија увото, туку станаа твродоглави, постапуваа полошо од татковците свои. И кога ќе им ги кажуваш сите овие зборови, тие нема да те послушаат; и кога ќе ги викаш, тие нема да ти се одѕиваат. Тогаш речи им: ‚еве народ, кој не го слуша гласот на Господа, својот Бог, и не прима поука! Нема кај нив вистина, таа е одземена од устата нивна.‘ Истрижи ја косата своја и фрли ја, и почни да плачеш по горите, зашто Господ го отфрли и го остави родот, што го навлече гневот Негов. Зашто синовите на Јуда вршат зло пред Моите очи, вели Господ; ги поставија своите гадотии во домот, над кои е повикувано името Мое, за да го осквернат; и изградија идолско светилиште на Тофет во долината на Еномовите синови, за да ги изгоруваат во оган синовите свои и ќерките свои, што не сум го заповедал и кое ни на ум не Ми доаѓало. Затоа, идат дни, вели Господ, кога тоа место нема повеќе да се нарекува Тофет и долина на синовите Еномови, туку крвна долина, и во Тофет ќе се погребуваат поради немање на место. И труповите на овој народ ќе бидат храна на птиците небески и на ѕверовите земни, и ќе нема кој да ги брка. Во градовите на Јудеја и по улиците ерусалимски ќе го прекратам гласот на радост и гласот на веселба, гласот на младоженец и гласот на невеста; зашто таа земја ќе стане пустелија.« Во тоа време, вели Господ, ќе ги исфрлам од гробовите коските на царевите на Јуда, и коските на кнезовите негови, и коските на свештениците, и коските на пророците, и коските на жителите ерусалимски. И ќе ги расфрлат пред сонцето и месечината и пред сета небесна војска, кои тие ги сакаа, на кои им служеа и по кои одеа, кои ги бараа и на кои им се поклонуваа; тие нема да се соберат и нема да се погребат; тие ќе бидат ѓубре на земјата. И ќе претпочитаат смрт пред живот сите оние, што ќе останат од тоа лошо племе по сите страни, каде што Јас ќе ги изгонам, вели Господ Саваот. И кажи им уште; вака вели Господ: зар паднатите не стануваат, и оние што скршнале од патот не се враќаат? Зошто се свртил овој народ ерусалимски? Тие се држат цврсто за измамата и не сакаат да се обрнат. Јас набљудував и слушав: тие не говорат право, никој не се кае за злото свое, никој не вели: ‚што направив;‘ секој тргнал по својот пат како коњ, што се впушта во бој. И штркот под небото ги знае своите определени времиња; гугутката, ластовицата и жеравот го пазат времето, кога мораат да се вратат, а Мојот народ, не знае за судот Господов. Како зборувате: »ние сме мудри, и законот Господов е во нас?« А, ете, лажливото перо на книжниците и него го претвораат во лага. Се посрамија мудрите, се вознемирија и се заплеткаа во мрежа: ете, тие го отфрлија словото Господово; каде е тогаш нивната мудрост? Заради тоа жените нивни ќе им ги дадам на други, нивите нивни – на туѓинци, зашто сите тие, од мал до голем, се предадоа на користољубие; од пророк до свештеник – сите дејствуваат лажливо. Зашто, лекувајќи ја лесномислено раната на ќерката на Мојто народ, велит: »мир, мир«, а мир нема. Срам ли им е, кога вршат гадотии? Не, воопшто не им е срам и не црвенеат. Затоа ќе паднат меѓу паднатите; кога ќе ги посетам, тие ќе бидат соборени, вели Господ. Наполно ќе ги оберам, вели Господ; нема да остане ни еден грозд на лоза, ни смоква на смоквата, ќе паднат и лисјата, и она што сум им го дал, ќе се одземе од нив. »Зошто стоиме? Собирајте се, да одиме во утврдените градови и таму да загинеме; зашто Господ, нашиот Бог, определил да загинеме и ни дава да пиеме вода со жолчка, затоа што згрешивме пред Господа.« Очекуваме мир, но нема ништо добро, – време за оздравување, а ете ужаси. Од Дан се слуша фркање на коњите негови, од 'ржењето на пастувите негови трепери целата земја; ќе дојдат и ќе ја опустошат земјата и сѐ што има на неа, градот и оние што живеат во него. Зашто, ете, Јас ќе испратам против вас змии, отровници, против кои бајачка нема, и тие ќе ве каснуваат, вели Господ. Сакам да се утешам во тагата своја, но срцето ми е малаксано. Ете, слушам од далечна земја пискот од ќерката на Мојот народ: »зар нема Господ на Сион? Зар Царот негов не е таму? – Зошто ме разгневија со своите резани ликови, на туѓи адети.« Мина жетвата, сврши летото, а ние не се избавивме. Поради уништувањето на ќерката на Мојот народ и јас сум уништен, одам нажален, ужас ме обзема. Зар нема балсам во Галад? Зар таму нема лекар? И зошто нема лек за ќерката на Мојот народ? О, кој ќе даде на главата моја вода и на очите мои – извор на солзи? Јас бев плачел ден и ноќ за убиените на ќерката на мојот народ. О, кој би ми дал во пустињата последен престој! Би го оставил мојот народ и би избегал од нив: зашто сите тие се прељубодејци, собир на престапници. Како лак го запнуваат јазикот свој за лаги, со неправда се засилуваат на земјата; зашто минуваат од едно зло на друго и Мене не Ме познаваат, вели Господ. Пазете се секој од пријателот свој, и не се доверувајте никому од браќата свои; зашто секој брат му става сопка на другиот, и секој пријател разнесува клевета. Секој го лаже пријателот свој, и вистина не говорат: го научија јазикот свој да говори лага, се трудат да прават зло. Ти живееш меѓу измами, па поради измама тие откажуваат дека Ме познаваат, вели Господ. Затоа вака вели Господ Саваот: ете, ќе ги растопам и ќе ги испитам; зашто, како инаку да постапам со ќерката на Мојот народ? Јазикот нивни – стрела смртоносна, говори подмолно; со устата кон ближниот зборуваат пријателски, а во срцето свое му кројат примки. Зар нема да ги посетам, вели Господ? Нема ли да се одмазди душата Моја на таков народ, како овој? На горите ќе кренам плач и пискот, и по пасиштата во степите – ридание, зашто тие се изгорени, така што преку нив никој не минува, ниту се слуша блеење на стада: и птиците небески и добитокот – сѐ се распрснало и избегало. И ќе го претворам Ерусалим во купишта камења, живеалиште на змии, и градовите на Јудеја ќе ги направам пустиња, без жители. Има ли таков мудрец, што ќе го разбере ова? И оној, кон кого говори устата Господова – да објасни, зошто загина земјата и изгоре како пустиња, така што никој не минува низ неа? И рече Господ – поради тоа што го оставија Мојот закон, што го бев определил за нив, не го слушаа гласот Мој и не постапија според него, туку одеа според тврдокорноста на срцето свое и по Вааловци, како што ги научија татковците нивни. Заради тоа вака вели Господ Саваот, Израилевиот Бог: еве, ќе ги нахранам тие луѓе со пелин, ќе ги напојам со вода и жолчка. и ќе ги растурам меѓу народи, што не ги познаваа ни тие ни татковците нивни, и ќе испратам по нив меч, сѐ додека ги истреби. Така вели Господ Саваот: побарајте и повикајте да дојдат тажачки; испратете да дојдат вешти жени за таа работа. Нека побрзаат и да заплачат заради нас, та од очите наши да се лејат солзи и од клепките наши вода да тече. Затоа што глас од плач се слуша од кај Сион: »Како нѐ ограбија, лошо сме посрамени, бидејќи ја оставаме земјата – ни ги разрушија куќите.« Па така, слушајте го, жени, словото од Господа и да внимава увото ваше на словото од устата Негова; и учете ги ќерките свои на плач, и една со друга – на тажни песни. Бидејќи смртта влегува преку прозорците наши, се впушта во куќите наши, за да ги истреби децата од улиците и младешта од плоштадите. Речи: така вели Господ – и ќе бидат фрлени труповите на луѓето како ѓубре в поле и како снопја зад жетвари, и не ќе има кој да ги собере. Така вели Господ: мудриот да не се фали со мудроста своја, силниот да не се фали со силата своја, богатиот да не се фали со богатството свое. А кој се фали, нека се фали со тоа, дека Ме разбира Мене и дека знае оти Јас сум Господ, Кој покажува милост, суд и правда на земјата; оти само тоа е благоугодно пред Мене, вели Господ. Ете идат денови, вели Господ, кога ќе ги посетам сите обрезани и необрезани: Египет и Јудеја, Едома и синовите Амонови, Моава и сите кои се стрижат од страна, што живеат во пустињата; оти сите тие народи се необрезани, а сиот дом Израилев има срце необрезано. Слушајте го словото, кое Господ ви го кажува, доме Израилев! Вака вели Господ – не одете по патот на незнабошците и не плашете се од небесните знаци, од кои се бојат незнабошците. Бидејќи наредбите од народите се суетни: отсекуваат дрво во гората, го изделкуваат човечки раце, го украсуваат со сребро и злато, го прицврстуваат со клинови и со чекан за да не се ниша. Тие богови се како столб, измазнет на струг, и не говорат; нив ги носат, оти не можат да одат. Не плашете се од нив, оти тие не можат да направат зло, но и добро не можат да направат. Нема сличен на Тебе, Господи! Ти си велик и името Твое е велико со Твојата моќ. Кој не ќе се бои од Тебе, Царе над народите, зашто само Тебе Ти припаѓа тоа; бидејќи меѓу сите мудреци кај народите и во сите царства нема сличен на Тебе. Сите тие до еден се неразумни глупави; дрвото е суетно учење. Среброто ковано во листови се носи од Тарсис, златото од Уфаз, дело на мајстор и на леар; облеклото нивно е од порфир и кадифе; сето тоа е дело на вешти луѓе. А Господ Бог е вистина; Он е жив Бог и вечен Цар. Од Неговиот гнев трепери земјата, и народите не можат да го издржат Неговото негодување. Така речете им: боговите што не ги направиле небото и земјата ќе исчезнат од земјата и од под небесата. Он ја создаде земјата со силата Своја, ја утврди вселената со мудроста Своја и со разумот Свој ги распростре небесата. Од гласот Негов шумат водите небески, и Он ги крева облаците од краиштата земни, создава молскавици среде дожд и изведува ветар од живеалиштето Свое. Секој човек станува безумен во своето знаење, се срамува секој леар со идолот свој, бидејќи она што го излеал е лага, и во него нема дух. Тоа е суета, дело на заблуда; во времето на посетата нивна тие ќе исчезнат. Делот на Јакова не е како нивниот; бидејќи неговиот Бог е создател на сѐ, а Израилот е жезал на неговото наследство; името Му е Господ Саваот. Прибери си го имотот свој од земјата, ти која ќе седиш во опсада. Оти вака вели Господ: еве, овој пат ќе ги исфрлам жителите од оваа земја и ќе ги одведам во тесно место, за да ги фатат. Тешко мене во маката моја; лута е раната моја, но јас си велам – »навистина тоа е моја болка и јас ќе ја поднесувам; шаторот ми е опустошен и сите мои врвци се скинати; децата мои бегаат од мене, и ги нема: нема веќе кој да го распне шаторот мој и да ги постави завесите мои; бидејќи пастирите станаа безумни и не Го бараат Господа, па затоа и тие постапија неразумно, така што целото стадо им се распрсна.« Ете, се слуша глас и голема врева од северната страна за да ги направи градовите на Јудеја пустиња, живеалиште на шакали. Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои. Казни ме Господи, но по правда, не во гневот Свој, за да не ме сотреш. Излеј ја јароста Своја врз народите, кои не Те познаваат, и врз племињата, што не го призовуваат името Твое; оти тие го изедоа Јакова, го проголтаа и го истребија и живеалиштето му го опустошија. Слово Господово до Јеремија: Чујте ги зборовите на овој завет и кажете им на луѓето од Јудеја и на ерусалимските жители; и речи им: вака вели Господ, Бог Израилев – проклет да е оној човек што нема да ги послуша зборовите на овој завет, што им ги заповедав Јас на татковците ваши, кога ги изведов од Египетската земја, од железната печка, велејќи: чујте го гласот Мој и правете што ќе ви заповедам – па ќе бидете Мој народ, и Јас ќе бидам ваш Бог, за да се исполни клетвата, со која им се заколнав на татковците ваши – да им дадам земја, каде што тече мед и млеко, како што е сега. Па одговорив и реков: амин, Господи! И ми рече Господ: објави ги сите овие зборови по градовите на Јуда и по ерусалимските улици, и речи – слушајте ги зборовите на овој завет и исполнувајте ги. Зашто Јас постојано им напомнував на татковците ваши од оној ден, кога ги изведов од Египетската земја, па сѐ до денес; и им зборував од рано утро, велејќи: слушајте го гласот Мој. Но тие не слушаа и не го свртија увото свое, туку одеа секој според тврдокорноста на своето лошо срце; затоа испратив врз нив сѐ што е речено во овој завет, кој им го заповедав да го исполнуваат, но тие не го исполнуваа. И ми рече Господ: има бунт меѓу луѓето на Јуда и жителите на Ерусалим; тие се вратија кон беззаконијата на своите прадедовци, кои се откажаа да ги слушаат зборовите Мои, па тргнаа по туѓи богови, за да им служат. Домот на Јуда и домот на Израилот го нарушија Мојот завет, што го бев склучил со татковците нивни. Затоа вака вели Господ: еве, ќе испратам врз нив зло, од кое не ќе можат да се избават, и кога ќе повикаат кон Мене, нема да ги чујам. Тогаш градовите на Јуда и жителите на Ерусалим ќе појдат и ќе повикаат кон боговите, на кои им кадат; но тие нема да им помогнат во времето на нивното зло. Оти, коку градови имаш, Јудо, толку имаш и богови, и колку улици има во Ерусалим, толку жртвеници подигнавте на она што е срамно, жртвеници за кадење на Ваала. Но ти немој да молиш за тој народ и не упатувај за нив молитви и молби; оти нема да ги чујам, кога во злото свое ќе повикаат кон Мене. Што бара Мојата сакана во домот Мој, кога во него се извршуваат многу срамни работи? И жртвуваното месо нема да ти помогне, кога се радуваш, правејќи зло. Зелена маслина те нарече Господ која се украсува со убави плодови. А сега, при шумот на големиот смут, Он заполи оган околу неа и гранките нејзини се скршија. Господ Саваот, Кој те посади, пресуди за тебе зло поради злото на домот Израилев и на домот Јудин, што го направија со тоа што Ме разгневија со кадењето свое на Ваала. Господ ми откри, и јас знам; ти ми ги покажа нивните дела. Јас, пак, како кротко јагне, водено на клање, и не знаев дека тие смислуваат заговор против мене, велејќи: »да му ставиме отровно дрво во неговото јадење, и да го истргнеме од земјата на живите, така што ни името негово веќе да не се споменува.« Но Ти, Господе Саваоте, праведен Судијо, Кој ги испитуваш срцата и утробите, допушти да ја видам Твојата одмазда врз нив, бидејќи Тебе ти го доверив своето дело! Затоа така вели Господ, за луѓето од Анатот, кои сакаат да ја одземат душата твоја и кои велат: не пророкувај во името на Господа, за да не умреш од рацете наши; поради тоа вака вели Господ Саваот: еве, Јас ќе ги посетам; младичите нивни ќе умрат од меч; синовите и ќерките нивни ќе умрат од глад. И нема ништо да остане од нив, зашто ќе испратам зло врз Анатотите во годината, кога ќе ги посетам. Праведен си Ти, Господи, ако би се оправдувал со Тебе; но ќе проговорам за судовите Твои. Зошто патот на безбожниците е успешен и живеат во мир сите оние што не веруваат? Ти ги посади, и тие се вкоренија и израснаа, па и плод даваат; во устата нивна Ти си близок, но далеку си од срцето нивно. А мене, Господи, Ти ме познаваш, Ти ме гледаш и го испитуваш срцето мое какво е кон Тебе. Одвои ги како овци за клање и приготви ги за денот, кога ќе бидат убиени. Долго ли ќе тагува земјата, и ќе се исуши тревата по сите полиња? Добитокот и птиците гинат поради беззаконијата на жителите нејзини; оти велат: Он нема да види, што ќе стане со нас. Кога трчаше со пешаците и тие те изморија, како можеш тогаш да се натпреваруваш со коњи? И ако беше спокоен во мирна земја, што ли ќе правиш, кога ќе се крене Јордан? Зашто и браќата твои, и домот на таткото твој, неверно постапуваат со тебе и викаат со висок глас против тебе. Не верувај им и кога зборуваат добро за Тебе. Јас го оставив Мојот дом, го напуштив наследството Свое; најмилото на душата Моја го предадов во рацете на непријателите негови. Моето наследство стана за Мене како лав во гора: крена глас против Мене – затоа го замразив. Наследството Мое стасна како птица шарена, врз која од сите страни се нафрлуваат други грабливи птици. Одете, собирајте се сите полски ѕверови, одете да го изедете. Многу пастири го растурија Моето лозје, го изгазија со нозе делот Мој: Мојот драг дел го направија гола пустелија, – го направија пустиња, и тој запусте, плаче пред Мене; целата земја ја опустошија, оти никој не го зема тоа при срце. По сите гори во пустињата дојдоа опустошители, оти мечот Господов уништи сѐ од едниот крај на земјата до другиот: нема мир за ниедно суштество. Тие сееја пченица, а жнееја трње; се мачеа и никаква корист не добиваа; засрамете се за трудот свој поради пламениот гнев на Господа. Така вели Господ за сите мои лоши соседи, кои ги напаѓаа делата, што ги извршив за наследството на Мојот народ, Израилот. Еве, Јас ќе ги откорнам од земјата и домот Јудин ќе го истргнам од неговата средина. Но, откако ќе ги истргнам, пак ќе ги вратам и ќе ги помилувам, и секого ќе го доведам во неговиот дел и секого – во земјата негова. Па, ако ги научат патиштата на Мојот народ, за да се колнат во Мое име, велејќи »жив Господ«, како што тие го научија народот Мој да се колне во Ваала, ќе се населат меѓу Мојот народ. Ако, пак, не послушаат, ќе ги искоренам и наполно ќе истербам таков народ, вели Господ. Вака ми рече Господ: оди и купи си ленен појас и опаши се со него, но не клавај го во вода. Јас си купив појас, како што рече Господ, и го препашав крстот свој. И би слово Господово до мене по вторпат, и ми беше речено – земи го појасот, што го купи, и кој ти е на крстот твој, па стани и оди до Ефрат и сокри го таму во некоја камена пукнатина. Јас отидов и го сокрив при Ефрат, како што ми заповеда Господ. А штом изминаа повеќе дни, Господ ми рече – стани, оди при Ефрат и земи го оттаму појасот, за кој ти бев заповедал да го сокриеш таму. И јас отидов до Ефрат, ископав и го зедов појасот од местото, каде што го бев сокрил, а тоа – појасот беше изгнил и станал веќе неупотреблив. И би слово Господово до мене: вака вели Господ ќе ја скршам гордоста на Јуда, и големата гордост на Ерусалим. Тој лош народ, кој не сака да ги слуша зборовите Мои, живее според тврдокорното срце свое и оди по други богови, за да им служи и да им се клања, па ќе биде како овој појас, кој не е годен за ништо. Оти, како што појасот се прилепува до крстот на човекот, така и Јас го прилепив до Себе сиот Израилев дом и сиот Јудин дом, вели Господ, за да бидат Мој народ и Моја слава, похвала и украс, но тие не послушаа. Затоа, кажи им го овој збор: вака вели Господ, Бог Израилев – секој мев за вино се полни со вино. Тие ќе ти речат: зар ние не знаеме, дека секој мев за вино се полни со вино? А ти кажи им: еве што вели Господ – Јас ќе ги наситам со вино до опивање сите жители на таа земја, и царевите, кои седат на Давидовиот престол, свештениците и пророците и сите ерусалимски жители, и ќе ги судрам еден со друг, татковците со синовите заедно, вели Господ; нема да ги поштедам, нема да ги помилувам, нема да зажалам што ќе ги истребам. Слушајте и внимавајте; немојте да бидете горди, оти Господ зборува. Подајте слава на Господа, вашиот Бог, додека Он сѐ уште не испратил темнина и додека сѐ уште нозете ваши не се спотакнуваат по темни гори; тогаш ќе очекувате светлина, а Он ќе ја претвори во смртна сенка и ќе ја направи темнина. Ако, пак, не го послушате тоа, душата моја ќе ја оплакува вашата гордост во скришни места, ќе плаче горко, и очите мои слози ќе леат; бидејќи стадото Господово ќе биде во плен одведено. Кажи му на царот и на царицата: смирете се, седнете пониско, оти ќе паднат од главите ваши венците на вашата слава. Јужните градови се затворени, и нема кој да ги отвори; цела Јуда во ропство се одведува заедно со сиот плен. Кренете ги очите и погледајте ги оние што идат од север: каде е стадото, што ти беше дадено, убавото стадо твое? Што ќе речеш, ќерко Сионова, кога ќе те посети Он? Ти сама ги научи да господарат над тебе: нема ли да те стегнат болки како жена кога раѓа? Ако речеш во срцето свое: »зошто ме снајде ова?« – па, поради многуте твои беззаконија, ќе се кренат твоите поли и твоите пети се соголија. Може ли Етиопјанин да ја смени кожата своја и леопардот – дамките свои? Па така и вие, можете ли да правите добро, кога сте свикнати да вршите зло? Затоа ќе ги развеам како прав, ќе ги разнесам со пустински ветар. Ете го твојот жреб, делот што сум ти го одмерил, вели Господ, бидејќи ти Ме заборави и се надеваше на лага. Затоа, ќе ти биде крената полата твоја врз лицето твое, за да се види срамотијата твоја. Го видов твоето прељубодејство и твоите бесни похоти и гнасотии по височинките и по полињата; тешко тебе, Ерусалиме; зар нема да се очистиш? А до кога уште? Слово Господово што би до Јеремија за суша. Плаче Јуда, портите му се урнати, лежат на земјата поцрнети, и пискот се крена во Ерусалим. Големците ги праќаат слугите свои по вода; тие одат при изворите и не наоѓаат вода; се враќааат со празни садови; посрамени и смутени, тие ги покриваат главите свои. Бидејќи земјата напукнала од суша, и земјоделците се смутени и ги покриваат главите свои. Дури и кошутата, кога ќе роди во полето, ги остава младите свои, оти нема трева. И дивите осли стојат по високите места и голтаа воздух како шакали; очите им се потемнети, зашто нема трева. И ако нашите беззаконија сведочат против нас, но Ти, Господи, постапи со нас заради името Твое; големо е нашето отстапништво, згрешивме пред Тебе. Надеж Израилева, Спасителе негов во зло време! Зошто си како туѓинец во оваа земја, како патник што дошол да преноќева? Зошто си како уморен човек, како јунак што нема сила да спасува? А и покрај сето тоа, Господи, Ти си меѓу нас и името Твое се призива од нас. Не оставај нѐ! Така зборува Господ кон овој народ. Бидејќи сакаат да скитаат, не ги запираа нозете свои, Господ не благоволи кон нив, се сети сега за беззаконијата нивни и ги казнува гревовите нивни. И ми рече Господ: немој да се молиш за доброто на овој народ. Ако постат, нема да го чујам пискотот нивни; и, ако принесат и сепаленица и дар, нема да ги примам; но со меч, со глад, и со помор ќе ги истребам. Тогаш реков: Господи Боже, еве пророците им кажуваат: меч нема да видите, и глад нема да има кај вас, а ќе ви дадам постојанен мир на ова место. И ми рече Господ: пророците пророкуваат лага во Мое име, Јас не сум ги пратил и не сум им дал заповеди, ниту сум им зборувал; тие ви проповедуваат лажни виденија и баења, суета и измислици од своето срце. Затоа вака вели Господ за пророците: тие пророкуваат во Мое име, но Јас не сум ги ипраќал; тие зборуваат: »меч и глад нема да има во таа земја« – со меч и глад ќе бидат истребени тие пророци. И народот, кому му пророкуваат, од глад и од меч ќе биде кутнат по улиците ерусалимски, и не ќе има кој да ги погребе – нив и жените нивни, синовите нивни и ќерките нивни; и Јас ќе ја излеам врз нив нивната лошотија. Па кажи им ги овие зборови: нека се лијат солзи од очите мои дење и ноќе и нека не престануваат, оти со голем пораз, со тежок удар е поразена девојката, ќерката на мојот народ. Излегувам по полето, а таму – убиени со меч; влегувам во градот, и ете многумина умираат од глад: дури и пророк и свештеник отидоа несвесно по земја што не ја знаеја. Зар наполно ти го отфрли Јуда? Зар душата Твоја го замрази Сион? Зошто така нѐ поразуваш, за да не можеме да се излечиме? Чекаме мир – а нема ништо добро; чекаме време за спасување – а еве, ужаси. Ја сознавме, Господи, нечесноста своја, беззаконијата на нашите татковци, дека згрешивме пред Тебе. Не отфрлај нѐ нас заради името Твое; не понижувај го престолот на Својата слава: сети се, не разрушувај го Твојот завет со нас. Име ли меѓу незнабожечките суетни богови такви, што можат да дадат дожд, или, пак, може ли небото самото од себе да лие голем дожд? Зар не си Ти тоа, Господи Боже наш? На Тебе се надеваме, оти Ти го создаваш сето тоа. И ми рече Господ: да беа застанале пред лицето Мое дури Мојсеј и Самуил, душата моја пак немаше да се приклони кон тој народ; отерај ги од пред лицето Мое, нека си одат. Ако, пак, те прашаат: »каде да одиме?« – кажи им: вака вели Господ – кој е за смрт, нека оди во смрт: и кој е за меч – под меч; кој е, пак, за глад – на глад; и кој е за ропство – во ропство. И ќе испратам врз нив четири вида смрт, вели Господа: меч за да ги убива, кучиња, за да ги раскинуваат, небески птици, и полски ѕверови, за да ги изедуваат и истребуваат. И ќе направам да се озлобат против нив сите земни царства заради Манасија, синот на Јудејскиот цар Езекија, за оној што го изврши тоа во Ерусалим. Оти, кој ќе те пожали, Ерусалиме, кој ќе ти изјави сочувство, и кој ќе наврати до тебе, за да те праша добро ли ти е? Ти Ме остави, вели Господ, отстапи; затоа, ќе ја протегнам Својата рака врз тебе и ќе те погубам; се уморив, за да покажувам милост. Јас ќе ги одвеам со вејачка пред портите на земјата, ќе ги лишам од деца, ќе го сотрам Мојот народ; но тие нема да се вратат од своите патишта. Ќе има кај нив вдовици многу повеќе од морскиот песок; ќе испратам врз нив, врз мајката на младичите, уништувач попладне, ненадејно ќе ги опфати страв и ужас. Ќе изнемогне онаа што лежи, која родила седум, ќе го предава духот; уште во текот на денот ќе зајде сонцето нејзино; таа е смутена и посрамена. И другите од нив ќе ги предадам на меч пред очите на нивните непријатели, вели Господ. »Тешко мене, мејко моја, зошто ме роди човек, кој се расправа и се кара со целата земја! Никому не сум давал со лихва и мене никој не ми давал, а сите ме проколнуваат.« Годпод рече: крајот ќе ти биде добар, и Јас ќе го присилам непријателот твој да постапува со тебе добро во времето на бедата и за време жалоста. Може ли железо да скрши северно железо и бакар? Твојот имот и твоите сокровишта ќе ги предадам на разграбување, без цена, заради сите твои гревови, во сите твои предели. И ќе те одведам со непријателите твои во земја, што не ја познаваш; зошто оган се разгоре од Мојот гнев, ќе гори над вас. О Господи! Ти сѐ знаеш; сети се за мене и посети ме, и одмазди се за мене на моите гонители; според Своето долготрпение не погубувај ме; Ти знаеш дека заради Тебе поднесувам поруга. Ги најдов зборовите Твои и ги проголтав; Твоето слово ми беше за радост и веселба на срцето мое; оти името Твое е призивано врз мене, Господи Боже Саваот. Не, на совет со подбивачи и не сум се веселел: под Твојата тешка рака врз мене седев сам, бидејќи Ти ми беше исполнил со негодување. Зошто е толку долготрајна болката моја, и раната моја е толку неизлечива, оти не се подавам ли на лекување? Зар Ти ќе бидеш за мене како лажлив извор, како неверна вода. Затоа, вака рече Господ: ако се обратиш, ќе те поставам пак на нозе и ќе стоиш пред лицето Мое; и, ако извлечеш скапа работа од ништо, ќе бидеш како Мојата уста. Тие сами ќе се свртуваат кон тебе, а ти нема да се обрнуваш кон нив. И за тој народ ќе те направам силен бакарен ѕид; тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат, бидејќи Јас сум со тебе, за да те спасувам и да те избавувам, вели Господ. И ќе те спасам од рацете на лошите и ќе те избавам од рацете на насилниците. И би слово Господово до мене: Немој да се жениш, ниту да имаш синови и ќерки на ова место. Оти вака вели Господ за синовите и ќерките, што ќе се родат во ова место, и за мајките нивни, што ќе ги родат и за татковците нивни, што ќе ги добијат во оваа земја: од тешка смрт ќе умрат тие и нема да бидат оплакани, ниту погребани; ќе бидат како ѓубре земно; со меч и со глад ќе бидат истребени, и труповите нивни ќе им бидат храна на птиците небески и на ѕверовите земни. Оти така вели Господ: не влегувај во дом на оној, кој тагува и не оди да плачеш и да жалиш со него; оти Јас го одзедов од тој народ Својот мир, милоста и сожалувањето, вели Господ. И ќе умрат и големите и малите во таа земја; и нема да бидат погребани, ниту ќе бидат оплакувани, ниту некој ќе прави рез, а и нема да се стрижат за нив. За оној што е во жалост нема да се прекршува леб за да биде утешен поради умрениот; и нема да му подадат утешна чаша, поради смртта на неговиот татко и неговата мајка. Не влегувај исто така и во куќа за веселба, да седиш таму со нив, за да јадеш и да пиеш; оти така вели Господ Саваот, Бог Израилев: еве, Јас ќе го прекратам гласот на радоста и гласот на веселбата, глас на младоженецот и глас на невестата во тоа место пред вашите очи и во ваше време. Кога ќе им ги кажеш на луѓето сите овие зборови, и тие ќе ти речат: »зошто Господ ја искажа врз нас сега оваа беда, и каква е нашата неправда и кој е нашиот грев, со што згрешивме пред нашиот Господ Бог?« – тогаш речи им: поради тоа што вашите татковци Ме оставија, вели Господ, и тргнаа по други богови, ним им служеа и им се поклонуваа, а Мене ме оставија, и законот Мој не го пазеа. А вие постапувавте уште полошо од татковците ваши и секој од вас живее според упорството на своето лошо срце, за да не Ме слушате. Поради тоа ќе ве исфрлам од оваа земја во земја, која не ја познавете ни вие ниту татковците ваши, и таму ќе им служите на други богови дење и ноќе; оти Јас нема да покажам милост спрема вас. Затоа, ете, идат дни, вели Господ, кога нема веќе да се вели: »жив е Господ, Кој ги изведе синовите Израилеви од Египетската земја«, туку – »жив е Господ, Кој ги изведе Израилевите синови од северната земја и од сите земји, во кои беше ги прогонил.« Оти ќе ги вратам во земјата нивна, што им ја дадов на татковците нивни. Ете, Јас ќе пратам многу рибари, вели Господ, и ќе ги ловат; а потоа ќе пратам многу ловци, и тие ќе ги гонат од сите планини и од секој рид и од камени процепи. Зашто очите Мои се врз сите нивни патишта; тие не се сокриени од лицето Мое, и нивната неправда не е сокриена од очите Мои, и ќе им платам пред сѐ за нивната неправда и за нивниот двоен грев, оти ја осквернија земјата Моја, со труповите на стрвината своја и со гнасотија го исполнија наследството Мое. Господи, сило моја, крепост моја и прибежиште мое во тажен ден! При тебе ќе дојдат народите од земните краишта и ќе речат: само лага наследија нашите татковци, суета и она, од кое нема никаква полза. Може ли човек да си направи богови, кои, всушност, не се богови? Затоа, еве, Јас ќе ги научам сега, ќе им ја покажам Својата рака и силата Своја, па ќе познаат, дека името Мое е Господ. Гревот на Јуда е напишан со железно длето, со врв од дијамант е врежано врз плочите на срцето нивно и врз роговите на нивните жртвеници. Та синовите нивни да се сеќаваат на нивните жртвеници и на нивните светилишта покрај зелените дрвја, на високи ридови. Мојата гора во полето, имотот твој, и сите твои драгоцености ќе ги предадам на разграбување, и твоите идолски светилишта – за твоите гревови во сите твои предели. И ти поради себеси ќе се лишиш од наследството свое, што ти го бев дал, и ќе те пратам во ропство кај твоите непријатели, во земјата, која ти не ја познаваш, заради тоа што вие го разгоревте огнот на Мојот гнев, он ќе гори вечно. Така вели Господ: проклет да е оној човек, што се надева на човек и кој телото свое го смета за сила, и чие срце се клони од Господа. Тој ќе биде како троскот во пустиња и нема да види кога ќе дојде доброто, па ќе се насели во топли пустињски места, во неплодна земја и негодна за живеење. Благословен е оној човек, кој се надева на Господа, и кому надежта му е Господ. Затоа што тој ќе биде како дрво посадено крај води, што ги пушта корењата свои покрај потокот; тоа не знае кога настанува припек; лисјата му се зелени, и во време на суша не се плаши и не престанува да дава плод. Лукаво е човечкото срце повеќе од сѐ и е наполно расипано; кој ќе го разбере? Јас, Господ, проникнувам во срцето и ја испитувам утробата, за да му дадам на секого според патот негов и според плодовите на делата негови. Јаребицата лежи врз јајца што не ги снесла: таков е оној, кој со неправда спечалува богатство; тој ќе го остави во половината до животот свој и ќе стане глуп пред крајот свој. Престолот на славата, возвишен уште од почетокот, е место за нашето осветување. Ти си, Господи, надеж Израилева; сите оние, кои Те оставаат нека се засрамат. »Кој отстапува од Мене нека биде запишан на земјата, зашто го оставија Господа, изворот на жива вода.« Исцели ме Господи, и исцелен ќе бидам; спаси ме, и спасен ќе бидам, зашто Ти си моја похвала. Еве, тие ми велат: »каде е словото Господово? нека дојде!« Јас не брзав да станам пастир при Тебе и не го сакав бедниот ден, Ти го знаеш тоа; што излезе од устата моја, откриено е пред лицето Твое. Не биди страшен за мене, Ти си надеж моја во лош ден. Нека се засрамат гонителите мои, но јас нема да се посрамам; нека затреперат, а јас нема да затреперам; испрати врз нив злочест ден и уништи ги со двојно уништување. Така ми вели Господ: оди и застани пред портите на синовите народни, низ кои влегуваат царевите јудејски и низ кои излегуваат, и пред сите ерусалимски порти, па речи им: цареви јудејски, цела Јудејо и сите ерусалимски жители, вие, кои влегувате низ овие порти, чујте го словото Господово. Вака вели Господ: пазете ги душите свои и не носете товар во саботен ден и не внесувајте го низ портите ерусалимски, и не изнесувајте товар од куќите свои и во саботен ден и не вршете никаква работа, но саботниот ден сметајте го за свет ден така, како што сум им заповедал на татковците ваши, кои, пак, не послушаа и не го приклонија увото, туку станаа тврдоглави, за да не слушаат и да не примаат поука. И, ако ме послушате, вели Господ, да не носите товар во саботен ден низ портите на овој град и саботата да ја сметате за света, во тој ден не вршејќи никаква работа, тогаш низ портите на овој град ќе влегуваат цареви и кнезови, кои ќе седат на Давидовиот престол, кои ќе се возат во коли и ќе јаваат на коњи, тие и кнезовите нивни, Јудејци и ерусалимски жители, тогаш овој град ќе биде вечно населен. Па ќе доаѓаат од градовите јудејски, од ерусалимската околина и од земјата на Венијамина, од рамнините, од планините и од југ, и ќе принесуваат сепаленици и жртви, лебен принос, ливан и благодарствени жртви во домот на Господа. Ако, пак, не Ме послушате, за да го сметате саботниот ден како свет и да не носите товар, кога влегувате низ ерусалимските порти во саботен ден, тогаш ќе запалам оган пред портите негови, и тој ќе ги проголта куќите ерусалимски и нема да угасне. Слово Господово што дојде до Јеремија: стани и слези во домот на грнчарот, и таму ќе ти ги кажам зборовите Мои. Слегов во домот на грнчарот, а тој ја вршеше својата работа на тркалото. Садот, пак, што го правеше грнчарот од глина, се растури во рацете негови. Но тој одново направи од него друг сад, како што му падна на ум да направи. И би слово Господово до мене: доме Израилев, не можам ли да постапам со вас како овој грнчар, рече Господ. Ете, како што е глината во рацете на грнчарот, тоа сте и вие во рацете Мои, доме Израилев. Понекогаш, велам Јас за некој народ и царство, дека ќе го искоренам, ќе го згазам и погубам; но, ако тој народ, врз кого сум го изрекол тоа се поврати од лошите свои дела, Јас го одлагам злото, што сум намислил да го направам. А понекогаш велам за некој народ и некое царство дека ќе ги подигнам и ќе ги зацврстам; но, ако тој народ врши зло пред очите Мои и не го слуша гласот Мој, ќе го одменам доброто, со кое сум намислил да го дарувам. Па така, кажи им на луѓето Јудини и на жителите ерусалимски: вака вели Господ – еве, Јас ви подготвувам зло и смислувам нешто против вас; затоа повратете се секој од својот лош пат и исправете ги патиштата свои и постапките свои. Но тие велат: »Не надевај се; ние ќе си живееме како што сакаме и секој од нас ќе постапува според упорството на своето лошо срце.« Затоа вака вели Господ: распрашајте се меѓу народите, дали чул некој нешто слично? Многу гнасни дела изврши Израилевата девојка. Ги напушта ли ливанскиот снег планинските карпи, и секнуваат ли по други места течните студени води? А Мојот народ Ме остави; кади на суети, се спотакнува на своите патишта, ги остава старите патишта, за да оди по патеки, по непрооден пат, за да ја направи земјата своја ужас, вечен срам, така што секој што ќе минува преку неа да се чуди и да мавта со главата. Како источен ветар ќе ги распрснам пред непријателот; со грбот, а не со лицето свое ќе се свртам кон нив во денот на нивната неволја. А тие рекоа: »Дојдете да направиме заговор против Јеремија; оти нема да исчезне законот на свештеникот и советот на мудриот и зборот на пророкот, дојдете да го убиеме и да не обрнуваме внимание на неговите зборови.« Послушај ме, Господи, и чуј го гласот на моите противници. Треба ли да се враќа зло за добро, а тие ми копаат јама за душата моја. Сети се дека стојам пред лицето Твое, за да зборувам добро за нив, за да го одвратам од нив гневот Твој. И така, предај ги синовите нивни на глад и направи да загинат од меч; жените нивни да немаат деца и да станат вдовици, мажите нивни да умираат, а младичите нивни да бидат убивани во бој. Нека се слуша пискот од куќите нивни, кога ненадејно ќе испратиш војска; зашто тие копаат јама, за да ме фатат, и тајно поставија замка за нозете мое. Но Ти, Господи, им ги знаеш сите нивни сплетки против Мене, за да ме убијат; не проштевај ги неправдите нивни, и не бриши го гревот нивни, пред лицето Свое; нека попаѓаат пред Тебе; дејствувај против нив, кога си гневен. Вака рече Господ: оди, купи глинена стомна од кај грнчарот; поведи ги со себе најстарите од народот и свештеничките старешини. Па излези во долината на синовите Еномови, која се наоѓа пред Источната порта, и објави ги таму зборовите, што ќе ти ги кажам, и кажи: цареви јудејски и жители ерусалимски, чујте го словото Господово! Вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – еве, Јас ќе испратам врз ова место зло, и кој ќе чуе за тоа, ќе му пиштат ушите, зашто Ме оставија и туѓо го направија ова место, па кадат во него на туѓи богови, кои не ги познавале ни тие, ниту татковците нивни, а ни јудејските цареви; го исполнија ова место со невина крв, и му подигнаа светилиште на Ваала, за да ги горат синовите свои со оган како сепаленица за Ваала, што Јас не сум заповедал, не сум зборувал и што на ум не Ми доаѓало. Затоа, еве, идат дни, вели Господ, кога ова место нема веќе да се наречува Тофет, односно долина на синовите Еномови, туку долина за убивање. И ќе го уништам советот на Јуда и на Ерусалим во ова место и ќе дозволам да паднат од меч пред очите на непријателите нивни и од раката на оние, што ја сакаат душата нивна, и турповите нивни ќе им ги дадам како храна на птиците небески и на ѕверовите земни. И ќе го направам овој град за ужас и поруга; и секој, што ќе минува низ него, ќе се чуди и ќе си потсвирнува, гледајќи ги многуте рани негови. И ќе ги нахранам со телата на синовите нивни и со телата на ќерките нивни; и секој ќе го јаде телото на својот ближен, кога ќе се наоѓа во опсада и во тесно, кога ќе ги притскаат непријателите нивни и оние, што ја сакаат душата нивна. Па скрши ја стомната пред очите на луѓето, што ќе дојдат со тебе, и кажи им: вака вели Господ Саваот – така ќе го разбијам тој народ и тој град, како што е скршен овој грнчарски сад, кој веќе не може да стане цел, и ќе ги погребуваат во Тофет, поради немање место за погребување. Така ќе постапам со тоа место, вели Господ и со неговите жители; и тој град ќе го направам сличен на Тофет. А куќите на Ерусалим и куќите на царевите јудејски – ќе бидат како местото Тофет: нечисти, зашто врз покривите на сите куќи кадеа на цалата војска небесна и извршуваа преливи на туѓи богови. Тогаш дојде Јеремија до Тофет, каде што го беше испратил Господ да пророкува, и застана во дворот на домот Господен и му рече на сиот народ: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – еве, ќе испратам врз овој град и врз сите нивни градови секакво зло, што го изреков против него, бидејќи тие се тврдоглави и не ги слушаат зборовите Мои. Кога Пасхор, синот Емеров, свештеник и надзорник во домот Господен, чу дека Јеремија ги изговорил тие пророчки зборови, тој го удри пророкот Јеремија и го затвори во затворот, што беше до горните порти Венијаминови при домот Господен. Но утредента Пасхор, го ослободи Јеремија од затворот и Јеремиј му рече: Господ те нарече не Пасхот, туку Магор Мисавив. Оти вака рече Господ: еве, ќе те направам ужас за тебе самиот и за сите твои пријатели, и ќе паднат во бој од непријателите свои и очите твои ќе го видат тоа. И сиот Јуда ќе го предадам во рацете на вавилонскиот цар, кој ќе го одведе во Вавилон и ќе го убие со меч. И ќе го прададам сето богатство на тој град, сиот имот негов и сите негови драгоцености; и сите ризници на царевите јудејски ќе ги дадам на неговите напријатели, што ќе ги разграбаат, ќе ги земаат и ќе ги однесат во Вавилон. И ти Пасхоре, и сите, што живеат во твојата куќа, ќе отидете во ропство; ќе отидеш во Вавилон, таму ќе умреш и таму ќе бидеш погребан, ти и сите твои пријатели, на кои ти лажно им пророкуваше. Господи, ти ме вовлекуваше, и јас сум вовлечен; Ти си посилен од мене и ме победи, а јас секој ден станувам за потсмев, секој се шегува со мене. Затоа, што ќе почнам да зборувам, зборувам за насилство, зборувам за разорување, бидејќи словото Господово стана за мене поруга и секојдневен потсмев. Па се сетив: нема веќе да спомнувам за Него, ниту ќе зборувам во Негово име; но во срцето како да имам распален оган, затворен во коските мои, и се измачував да го здржам – но не можев. Бидејќи слушав шепотење од мнозина, закана – од секаде: кажете, велеа тие, и ние ќе го обвиниме. Сите, што живееја со мене во мир, сега ме демнат, нема ли некаде да погрешам: »можеби, велат, тој ќе се улови, и ние ќе го победиме и ќе му се одмаздиме.« Но со мене е Господ како страшен јунак; затоа моите гонители ќе се сопнат и нема да ме победат; многу, многу ќе се засрамат, оти постапуваат неразумно; срамот ќе биде вечен, нема никогаш да биде заборавен. Господи на силите, Ти го испитуваш праведникот и ја гледаш утробата и срцето негово. Дозволи да ја видам одмаздата Твоја над нив, зашто Тебе Ти го доверив делото свое. Пејте Му на Господа, фалете Го Господа, зашто Он ја спасува душата на бедниот од рацете на злодејците. Проклет да е денот, во кој се родив; денот, во кој ме роди мојата мајка, нека не е благословен! Проклет да е човекот кој ја пренесе веста до татака ми и му рече: »ти се роди син« и со тоа многу го зарадува. И со тој човек да стане она, што стана со градовите, кои Господ ги разруши и не ги пожали; нека слуша тој пискот наутро и напладне – плач, затоа што не ме уби уште во утробата, така што мајка ми да станеше мој гроб и утробата нејзина да останеше вечно бремена. Зошто излегов од утробата, за да гледам маки и таги и денови мои да минуваат во срам? Слово, кое дојде од Господа до Јеремија, кога царот Седекија го испрати до него Пасхора, синот Молхиев, и свештеникот Софонија, син Маасиев, за да му кажат: »Прашај Го Господа за нас, зашто вавилонскиот цар Навуходоносор војува против нас; можеби Господ ќе направи со нас некое од своите чудеса, за да си отиде тој од нас!« И им рече Јеремиј: ова кажете му го на Седекија – вака вели Господ, Бог Израилев – еве, Јас ќе ги свртам назад воените оружја, кои се во вашите раце, со кои се биете со вавилонскиот цар и против Халдејците, што ве опседнуваат наоколу, надвор од ѕидовите и ќе ги поразам во средината на градот; и Сам ќе војувам против вас со протегната рака и со силна мишка, со гнев и со јарост и со големо негодување; И ќе поразам сѐ, што живее во тој град – и луѓето и добитокот; од голем помор ќе изумрат тие. А потоа, вели Господ, јудејскиот цар Седекија, слугите негови, народот и сите избавени од помор во тој град, од меч и од глад ќе ги предадам во рацете на Навуходоносора, царот вавилонски, во рацете на нивните непријатели и во рацете на оние, што ја бараат душата нивна, и тој ќе ги сотре со остар меч и нема да ги поштеди, нема да ги пожали и нема да се смилостиви над нив. Па кажи му на тој народ – вака вели Господ: еве, Јас ви предлагам пат кон живот и пат кон смрт, оној, што ќе остане во овој град, ќе умре од меч, од глад и од помор, а кој ќе излезе и им се предаде на Халдејците, што го опсадуваат, ќе биде жив, но душата негова ќе биде заробена место него; зашто Јас го свртив лицето Свое против тој град, вели Господ, за зло, а не за добро; тој ќе биде предаден во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го изгори со оган. Зборувај и кон домот на јудејскиот цар: чујте го словото Господово – доме Давидов, така вели Господ: судете рано изутрина и избавете го угнетуваниот од рацете на угнетувачот, за да не избувне оган од јароста Моја и да се разгори поради вашите лоши дела, што никој не ќе може да го угасне. Еве, Јас сум против тебе, ти што седиш, како на карпа во долината, вели Господ, против вас сум, вие кои велите: »кој ќе излезе против нас и кој може да влезе во нашите живеалишта?« Но, Јас ќе ве казнам според плодовите на делата ваши, вели Господ, и ќе запалам оган во вашата гора; кој ќе проголта сѐ што постои околу неа. Вака вели Господ: слези во домот на царот Јудин, и речи го таму ова слово, па кажи: чуј го словото Господово, царе јудејски, ти, кој седиш на Давидовиот престол, ти и твоите слуги и луѓето твои, кои влегуваат низ овие порти. Вака вели Господ: извршувајте суд и правда и спасувајте го угнетуваниот од рацете на угнетувачот и не притеснувајте го придојдениот, како ни сиракот ни вдовицата, и не проливајте невина крв на ова место. Оти, ако го исполнувате ова слово, низ портите на овој дом ќе влегуваат цареви, што ќе седат место Давида на престолот негов, што ќе се возат во коли и ќе јаваат на коњи, тие и слугите нивни и луѓето нивни. Ако, пак, не ги послушате овие зборови, се колнам во Себе, вели Господ дека овој дом ќе запустее. Оти, така вели Господ за домот на јудејскиот цар: ти си за Мене Галад и ливански врв; Јас ќе направам од тебе пустиња, и градовите твои ќе станат ненаселени; а ќе повикам против тебе истребители, секој со своето оружје – и тие ќе ги исечат твоите најубави кедри и ќе ги фрлат во оган. И многу народи ќе минуваат низ овој град и ќе си прикажуваат еден на друг: »Зошто така постапи Господ со овој голем град?« И ќе си одговорат – »затоа, оти тие го оставија заветот на Господа, својот Бог, и се поклонија на други богови и ним им служеа.« Не плачете за умрениот и не жалете за него; туку горко плачете за оној, што оди во ропство, оти тој веќе нема да се врати и нема да го види својот роден крај. Оти вака вели Господ за Салума, синот на јудејскиот цар Јосија, кој царуваше по татка си Јосија, и кој излезе од тоа место, тој веќе нема да се врати во него, Но ќе умре таму, каде што го одведоа како роб, и нема веќе да ја види оваа земја. Тешко му на оној, кој гради своја куќа со неправда, и свои соби – со беззаконие, кој го присилува ближниот свој да му работи без награда и не му дава плата, кој вели – ќе си направам голема куќа и широки одделенија, и кој отвора прозорци, ги обложува со кедар и ги бојадисува со црвена боја. Мислиш ли да стенеш цар, откако си се оградил со кедар? Татко ти јадеше и пиеше, но вршеше суд и правда, па затоа му беше добро. Тој го разгледуваше делото на беден и на сиромав, и затоа му беше добро. Зар не значи тоа, дека ти Ме познаваш? – вели Господ. Но твоите очи и твоето срце се свртени само кон корист за себеси и кон проливање невина крв, за да притеснуваш и присилуваш. Затоа, вака вели Господ за Јоакима, синот на јудејскиот цар Јосија: нема да го оплакуваат – »о брате!« и »о сестро!«, нема да го оплакуваат: »о господаре!« и »о неговото величие!« Како осел тој ќе биде погребен; ќе го изнесат и ќе го фрлат далеку од ерусалимските порти. Качи се на Ливан и извикај, подигни го гласот свој на Васан и викни од Аварин, зашто погубени се сите твои пријатели. Јас ти зборував, кога ти беше добро, но ти рече: нема да послушам. Такво беше твоето поведение уште од младоста, дека ти не го слушаше гласот Мој. Сите твои пастири ветар ќе ги одвее, а пријателите твои во ропство ќе отидат и тогаш ти ќе бидеш посрамен и нажален за сите твои злодела. Ти, кој живееше на Ливан и си свил гнездо во кедрите, колку ли ќе офкаш, кога ќе те постигнат болки, како на жена која раѓа! Жив сум Јас, вели Господ: да ми беше јудејскиот цар Јехониј, синот на Јоакома, прстен на десната рака Моја, и оттаму ќе те откинам, и ќе те предадам во рацете на оние, кои ја бараат душата твоја, и во рацете на оние, од кои се плашиш, во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносор и во рацете на Халдејците. Па ќе те исфрлам тебе и твојата мајка, која те родила, во туѓа земја, каде што не сте се родиле, а таму ќе умрете. А во земјата, каде што душата нивна сака да се врати, таму нема да се вратат. »Зар тој човек, Јехониј, презрено суштество, е отфрлен и негоден сад, бидејќи тој и племето негово беа фрлени во земја што не ја познавале?« О, земој, земјо, земјо, чуј го словото Господово! Така вели Господ, запишете го овој човек како лишен од деца, како човек со злочести дни, зашто никој од племето негово веќе нема да седи на престолот Давидов и нема да владее во Јудеја. Тешко им на пастирите, што ги погубуваат и растураат овците на Моето стадо, вели Господ. Затоа вака вели Господ, Бог Израилев, кон пастирите, кои го пасат народот Мој: вие ги растуривте овците Мои, ги упропастивте и не се грижите за нив; еве, Јас ќе ве казнам за вашите лоши дела, вели Господ. И ќе го соберам остатокот од Моето стадо, од сите земји каде што ги бев изгонил, и ќе ги вратам во трлата нивни, па ќе се плодат и ќе се размножуваат. И ќе поставам над нив пастири, што ќе ги пасат, и тие нема веќе да се бојат, ниту ќе се плашат и нема да се губат, вели Господ. Еве, настапуваат дни, вели Господ, и ќе му издигнам на Давида фиданка, и ќе се зацари Цар, Кој ќе постапува мудро и ќе суди праведно на земјата. Во дните Негови Јуда ќе се спаси, и Израилот ќе живее безопасно; и еве, – Неговото име со кое ќе го именуваат е »Господ – наше оправдание!« Затоа, еве, идат дните, вели Господ, кога веќе нема да се зборува: »жив Господ, Кој ги изведе синовите Израилеви од земјата Египетска«, туку »да е жив Господ, Кој го изведе и Кој го доведе племето на домот Израилев од северната земја и од сите земји, каде што ги беше изгонил«, и тие ќе живеат во земјата своја. Поради пророците срцето ми се кине во мене, сите коски ми се тресат, јас сум како пијан, како човек што го фатило виното, заради Господа и заради Неговите свети зборови, зашто земјата се наполни со прељубници, и земјата плаче поради проклеството; се исушиле пасиштата по пустињите, зашто стремежот им е зло, а силата нивна – неправда; бидејќи и пророкот и свештеникот се лицемерни: дури и во домот Мој го забележав бесчестието нивно, вели Господ. Затоа патот нивни ќе биде лизгаво место во темнината – ќе ги туркаат и тие ќе паѓаат таму; оти Јас ќе испратам врз нив беда во годината, кога ќе ги посетам, вели Господ. А кај пророците во Самарија видов безумие, тие пророкуваат во името на Ваала и го воведуваат во заблуда народот Мој, Израилот. А кај пророците во Ерусалим гледам нешто страшно: тие прељубодејствуваат и одат во лага, ги поткрепуваат рацете на злодејците, та никој од нив да не се откаже од бесчестието свое; сите тие се пред Мене како Содом, а жителите негови – како Гомор. Затоа вака вели Господ Саваот за пророците: еве, ќе ги нахранам со пелин и ќе ги напојам со жолчна вода, заради тоа што од ерусалимските пророци се разнесе осквернување по целата земја. Така вели Господ Саваот: немојте да ги слушате зборовите на пророците, кои ви пророкуваат – тие ве лажат, кажуваат измислени работи од срцето свое, е не она што доаѓа од устата Господова. Тие постојано им зборуваат на оние, кои не Ме почитуваат: »Господ рече, мир ќе имате.« И на секого кој се управува според тврдокорноста на срцето свое, велат: »зло нема да ве снајде.« Зашто, кој е тој што стоел во советот на Господа, па видел и го чул словото Негово? Кој внимавал на Неговото слово и кој го чул тоа? Еве, иде бурата Господова со јарост, бура страшна, и ќе се свие врз главата на безбожниците. Гневот Господов нема да се одврати сѐ додека Он не ги изврши и додека не ги исполни замислите на Своето срце; во последните дни тоа наполно ќе го разберете. Јас не ги праќам тие пророци, а самите се беа растрчале; Јас не им зборував, а тие пророкуваа. Да беа стоеле во советот Мој, тие ќе ги објавеа на Мојот народ зборовите Мои и ќе ги отклонеа од нивниот лош пат и од нивните лоши дела. Зар Јас сум Бог, кој само одблизу зборувам, вели Господ, а не Бог и од далеку? Може ли човек да се сокрие на место тајно, каде што Јас не би го видел? – вели Господ. Зар не го исполнувам Јас небото и земјата – вели Господ. Јас слушав што зборуваат пророците, кои во името Мое пророкуваат лага. Тие велат: »ми се сони, ми се сони.« Долго ли ќе трае тоа во срцето на пророците, кои пророкуваат лага, кои пророкуваат измама од срцата свои? Мислат ли тие дека преку своите соништа, што си ги раскажуваат еден на друг, да го доведат Мојот народ дотаму што да го заборави името Мое, како што го заборавија татковците нивни името Мое заради Ваала? Пророкот што видел сон, нека го раскаже како сон, а во кого е словото Мое, нека го каже верно словото Мое. Што заедничко има плевата со пченицата, вели Господ. Зар не е Моето слово како оган, вели Господ, и не е ли како чекан што крши карпа? Затоа, еве, Јас сум против пророците, вели Господ, кои ги крадат зборовите Мои еден од друг. Еве, Јас сум против пророците, вели Господ, кои го креваат својот јазик и велат: »Он рече.« Еве, Јас сум против пророците на лажни соништа, вели Господ кои ги кажуваат и преку своите измами и итрини го заблудуваат, Мојот народ, кога Јас не сум ги пратил, ниту сум им заповедал; затоа тие не донесуваат никаква полза за тој народ, вели Господ. Ако те праша тој народ, или пророк, или свештеник: какво е бремето од Господа? а ти кажи му – »вие сте бреме. Јас ќе ве напуштам,« вели Господ. Ако пророкот, или свештеникот, или народот каже: »тоа е бреме од Господа«, Јас ќе го казнам тој човек и домот негов. Туку вака велите еден на друг и брат брату: »што одговори Господ?« или – »што вели Господ?« А тој збор: »бреме од Господа«, не употребувајте го во иднина, зашто на таков човек бреме ќе му биде неговиот збор, бидејќи вие ги изопачувате зборовите на живиот Бог, Господа Саваота, нашиот Бог. Вака вели му на пророк: »што ти одговори Господ?« или – »што рече Господ?« Ако пак сѐ уште велите: »бреме од Господа«, тоа така вели Господ, поради тој збор што го кажувате – »бреме од Господа«, кога пак, Јас ве пратив да велите: не говорете – »бреме од Господа«, еве затоа ќе ве заборавам наполно, ќе ве оставам и ќе го отфрлам од лицето Свое овој град, кој ви го дадов вам и на татковците ваши. И врз вас ќе испратам вечна поруга и вечен срам, кој нема да се заборави. Господ ми покажа: и, еве, две кошници со смокви, поставени пред храмот Господен, откако вавилонскиот цар Навуходоносор го изведе од Ерусалим заробениот јудејски цар Јехониј, синот Јоакимов, и јудејските кнезови со дрводелците и ковачите и ги одведе во Вавилон; едната кошница беше полна со многу добри смокви, какви што се раните смокви, а втората кошница – со смокви, многу лоши, кои поради лошиот вкус не можеа да се се јадат. И ме праша Господ: што гледаш, Јеремиј? – Јас одговорив смокви; убавите смокви се многу добри, а лошите – многу лоши, така што не можат да се јадат, оти не се вкусни воопшто. И би слово Господово до мене: вака вели Господ, Бог Израилев – како овие добри смокви Јас ќе ги препознаам добрите преселници јудејски, што ги испратив од ова место во земјата Халдејска. И ќе ги свртам кон нив очите Мои за нивно добро и ќе ги вратам во оваа земја, и ќе ги подигнам, нема да ги сосипам, и ќе ги посадам, а не да ги искоренам; и ќе им дадам срце, за да Ме познаваат, дека Јас сум Господ, и тие ќе бидат Мој народ. Јас пак ќе им бидам нивни Бог, оти тие ќе се обрнат кон Мене од сѐ срце. А за лошите смокви, кои не можат да се јадат поради нивниот вкус, така вели Господ: такви ќе ги направам јудејскиот цар Седекија и кнезовите негови, и другите ерусалимци, што ќе останат во оваа земја и што ќе живеат во Египетската земја; и ќе ги предадам на зло и тешко страдање во сите земни царства, за поруга и за приказ, за потсмев и за проклетство по сите места, каде што ќе ги растурам. Па ќе испратам врз нив меч, глад и помор, додека не ги истребам од земјата, која им ја дадов ним и на татковците нивни. Слово што дојде до Јеремија за сиот јудејски народ, во четвртата година на јудејскиот цар Јоакима, синот Јосиев. Тоа беше првата година на вавилонскиот цар Навуходоносор, кои пророкот Јеремија го изрече пред сиот јудејски народ и пред сите ерусалимски жители, велејќи: од тринаесеттата година на јудејскиот цар Јосија, синот Амонов, па до денес, ете веќе дваесет и три години, доаѓа до мене слово Господово, и јас од рано утро ви зборував, но вие не послушавте. Господ ги праќаше при вас сите Свои слуги – пророците, од рано утро ги испраќаше, и вие не послушавте и не го наклонивте увото свое за да слушате. Вам ви велеа: »отклонете се секој од својот лош пат и од своите лоши дела и живејте во земјата, која Господ ви ја даде вам и на вашите татковци од векот довека; и не одете по други богови, за да им служите и да им се клањате, и немојте да Ме разгневувате со делата на рацете свои, па нема да ви направам зло.« Но вие не Ме послушавте, вели Господ, и ме разгневувате со делата на рацете свои, за свое зло. Затоа, така вели Господ Саваот: поради тоа што не ги послушавте зборовите Мои, еве, Јас ќе пратам и ќе ги земам сите северни племиња, вели Господ, и ќе испратам до вавилонскиот цар Навуходоносор, Мојот слуга, и ќе ги доведам против оваа земја и против жителите нејзини и против сите соседни народи; и наполно ќе ги истребам и ќе ги направам за ужас, за потсмев и за вечна пустош. И ќе го прекратам во нив гласот на радост и гласот на веселба, гласот на младоженец и гласот на невеста, звукот од веденичен камен и светлината од светило. И целата таа земја ќе стане пустиња и ужас; и тие народи ќе му служат на вавилонскиот цар седумдесет години. А кога ќе се исполнат седумдесетте години, ќе го казнам вавилонскиот цар и оној народ, вели Господ, за нивното бесчестие, и земајта Халдејска ќе ја направам вечна пустиња. И ќе ги исполнам над таа земја сите Мои зборови, што ги реков против неа, сѐ што е напишано во оваа книга, што Јеремиј пророчки го кажа против тие народи. Оти и нив ќе ги поробат многубројните народи и големи цареви. И Јас ќе им платам според нивните постапки и според делата на рацете нивни. Зашто така ми рече Господ, Бог Израилев: земи ја од раката Моја оваа чаша со вино од јарост и напој ги од неа сите народи, при кои ќе те пратам. И тие нека пијат, и нека се смутат и избезумат, кога ќе видат меч, што ќе го пратам против нив. Ја зедов чашата од раката Господова и ги напоив од неа сите народи, при кои Господ ме прати: Ерусалим и градовите јудејски, и царевите негови, и кнезовите негови, за да ги опустошам и направам ужас, потсмев и проклетство, како што се гледа сега; Фараонот, египетскиот цар, слугите негови, кнезовите негови и сиот народ негов; сиот измешан народ, и сите цареви на земјата Уц, и сите цареви на земјата Филистејска, Аскалон и Газа, Екрон и другите делови на Азот, Едом, Моав и Амоновите синови, сите цареви на Тир и сите цареви на Сидон, царевите над островите, што се наоѓаат отаде морето, Дедана, Тема, Буза и сите што ги потстрижуваат зулуфите свои, сите цареви на Арабија и сите цареви на народите од разни племиња, кои живеат во пустињата, сите цареви на Зимврија и сите цареви на Елам, сите цареви на Мидија, сите цареви на север, што се блиски еден до друг, а и далечни, и сите земни царства што постојат на земјата, а царот на Сесах ќе пие по нив. Па кажи им: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – пијте и опијте се, повраќајте и паднете, и не станувајте, кога ќе го видите мечот, што ќе го испратам против вас. Ако се откажат, пак, да пијат од чашата од раката твоја, тогаш кажи им: вака вели Господ Саваот – морате да пиете. Оти, еве, на овој град, над кој се призива името Мое, почнувам да му нанесувам зло; па зар вие ќе останете неказнети? Не, нема да останете неказнети; бидејќи Јас повикувам меч против сите, што живеат на земјата, вели Господ Саваот. Затоа пророкувај им ги сите овие зборови и кажи им: Господ ќе загрми од висините и од своето свето живеалиште; ќе издигне глас, ќе загрми страшно против својот насад; како оние што гмечат грозје, ќе извика против сите, што живеат по земјата. Шумот ќе се протегне од сите краишта земни, бидејќи Господ им суди на сите народи: Он ќе му суди на секое тело, а нечесните ќе ги предаде на меч, вели Господ. Така вели Господ Саваот – ете, злото ќе мине од народ кон народ, и голем виор ќе се подигне од краиштата земни. А во оној ден ќе има поразени од Господа од едниот крај на земјата до другиот; тие нема да бидат оплакани, ни прибрани ниту погребани, туку ќе бидат како ѓубре по земјата. Плачете пастири, и офкајте, посипете се со пепел, водачи на стадото; зашто се исполнија деновите ваши, за да бидете заклани и расфрлани, па ќе паднете како скапоцен сад. и не ќе има прибежиште за пастирите и спас – за водачите на стадото. Ќе се слуша пискот од пастирите и плач од водачите на стадото, бидејќи Господ ќе ги опустоши пасиштата нивни. Јароста на гневот Господен ќе ги истреби мирните трла. Како лав го остави живеалиштето Свое; а земјата им стана пустиња од јароста на опустошителот и од Неговиот пламенен гнев. Во почетокот од царувањето на јудејскиот цар Јоаким, син Јосиев, дојде ова слово од Господа – вака вели Господ: застани во дворот на домот Господен и кажи им на сите градови во Јудеја, кои доаѓаат да се поклонат во домот Господен, сите оние зброви што ќе ти заповедам да им ги кажеш; ниеден збор да не пропуштиш. Можеби, тие ќе те послушаат и ќе се отклонат секој од својот лош пат, па тогаш Јас ќе го одменам злото, што сум намислил да им го направам за нивните лоши работи. И речи им – вака вели Господ: ако не Ме послушате, и не одите по Мојот закон, што ви го дадов, и не ги примате зборовите на Моите слуги, пророците, кои ги праќам при вас, а ги праќам од рано утро, и кои вие не ги слушате – тогаш со овој дом ќе го направам исто она, што со Силом, и овој град ќе го предадам на проклетство на сите земни народи. Свештениците и пророците и сиот народ го слушаа Јеремија, кога ги зборуваше овие зборови во домот Господен. А кога Јеремија кажа сѐ, што му беше заповедал Господ да му каже на сиот народ, тогаш свештениците и пророците и сиот народ го фатија и рекоа: »заслужуваш смрт, оти пророкуваш во името на Господа и велиш – овој дом ќе стане како Силом, и овој град ќе запустее и ќе остане без жители?« И сиот народ се собра околу Јеремија во домот Господен. Кога го чуја тоа кнезовите јудејски, дојдоа од царскиот дом, во домот Господен и седнаа пред влезот на новите порти на домот Господен. Тогаш свештениците и пророците вака им рекоа на кнезовите и на сиот народ: »Овој човек заслужува смрт, затоа што пророкува против овој град; а тоа го чувте со ушите свои!« И им рече Јеремија на сите кнезови и на сиот народ: »Господ ме прати да пророкувам против овој дом и против овој град со сите зборови, што ги чувте; па така, исправете ги патиштата и делата ваши и послушајте го гласот на Господа, вашиот Бог, и Господ ќе го одмени злото, што го изрече против вас. А што се однесува до мене, еве, јас сум во ваши раце; правете со мене, што сметате дека е добро и право; само знајте добро, дека, ако ме убиете, ќе земете невина крв врз себе и врз овој град и врз жителите негови, оти навистина, Господ ме прати при вас да ви ги кажам на ушите ваши сите овие зборови.« Тогаш кнезовите и сиот народ им рекоа на свештениците и на пророците – овој човек не потпаѓа под смртна пресуда, затоа што тој ни зборува во името на Господа, нашиот Бог. И некои од старешините месни станаа и му зборуваа на целото собрание: »Михеј од Мораст пророкуваше во деновите на јудејскиот цар Езекија и му зборуваше на сиот јудејски народ: вака вели Господ Саваот – Сион ќе биде разорен како нива, и Ерусалим ќе стане куп урнатини, и гората на овој дом како шумовит рид. Па зар го уби заради тоа јудејскиот цар Езекиј и цела Јудеја? Па зар не се уплаши тој од Господа и зар не го замоли Господа, и Господ го одмени злото, што беше го изрекол против нив; а треба ли ние сега да навлечеме такво големо зло врз душите свои? Пророкуваше во името на Господа и некој Уриј, синот на Семаја, од Киријат – Јарим, и тој пророкуваше против овој град и против оваа земја со истите зборови, како сега Јеремиј. Кога ги чу тие зборови, царот Јоаким и сите негови големодостојници, и сите кнезови, побара да го убијат. А кога го разбра тоа, Уриј се уплаши и побегна, па отиде во Египет. Но царот Јоаким испрати по него луѓе и во Египет: Елнатана, синот Ахборов, и неко други со него. И го изведоа Урија од Египет, па го доведоа при царот Јоакима, и тој го уби со меч, а трупот негов го фрли кај гробиштата на обичните луѓе.« Но раката на Ахикама, синот Сафанов, беше покрај Јеремија и не го даде во рацете на народот, за да биде убиен. Во почетокот од царувањето на јудејскиот цар Јоакима, син Јосиев, би слово Господово до Јеремија. Вака ми рече Господ: направи си јажиња и јарем, па стави ги околу вратот. И прати исто такви до идумејскиот цар, до моавскиот цар, до царот на синовите Амонови, до тирскиот цар и до царот на Сидон, по пратеници, што дошле во Ерусалим кај јудејскиот цар Седекија, и порачај им да им кажат на господарите свои – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – кажете им го ова на вашите господари: ја создадов земјата, човекот и животните, што се по земјината топка, со големата своја сила и со Својата крената мишка, па му ја давам на оној, кому сакам. А, еве, сега, сите тие земји ги предавам во раката на вавилонскиот цар Навуходоносор, Мојот слуга, дури и ѕверовите полски му ги предава, за да му служат. И сите народи ќе му служат нему и на синот негов, и на внукот негов, сѐ додека дојде времето на земјата негова и на него самиот, и ќе му служат многу народи и големи цареви. А, ако некој народ и некое царство не ќе сака да му служи на вавилонскиот цар Навуходоносора и нема да го свитка вратот под јаремот на вавилонскиот цар, тој народ Јас ќе го казнам со меч, со глад и со помор, вели Господ, додека не го истребам преку раката негова. А вие не слушајте ги вашите пророци и вашите бајачи, вашите јасновидци, вашите маѓепсници и вашите вражачи, кои ви велат: »Нема да му служите на вавилонскиот цар.« Затоа што тие ви пророкуваат лага, за да ве оддалечат од земјата ваша, па Јас да ве изгонам и вие да загинете. А оној народ, што ќе го подведе вратот свој под јаремот на вавилонскиот цар и ќе му служи, ќе го оставам во неговата земја, вели Господ, и тој ќе си ја обработува и ќе живее во неа. И на јудејскиот цар Седекија Јас му ги кажав истите зборови, велејќи: наведнете го вратот под јаремот на вавилонскиот цар и служете му нему и на народот негов, па ќе бидете живи. Зошто да умреш ти и народот твој од меч, од глад и од помор, како што вели Господ за овој народ, што не сака да му служи на вавилонскиот цар? И немојте да ги слушате зборовите на пророците, кои ви велат: »нема да му служите на вавилонскиот цар«, зашто тие ви пророкуваат лага. Јас не сум ги пратил, вели Господ; и тие лажно пророкуваат во Мое име, за да ве изгонам и да загинете, вие и пророците ваши, кои ви пророкуваат. Им зборував и на свештениците и на сиот овој народ – вака вели Господ: не слушајте ги зборовите на вашите пророци кои ви пророкуваат и велат: »еве, наскоро ќе бидат вратени од Вавилон садовите на домот Господен«, бидејќи тие ви пророкуваат лага. Не слушајте ги, туку служете му на вавилонскиот цар и живејте; зошто да го доведете овој град до запустување? Ако се, пак, тие пророци, и ако во нив има слово Господово, нека се молат пред Господа Саваота, па садовите што станале во домот Господен, во домот на јудејскиот цар и во Ерусалим, и да не се однесат во Вавилон. Оти вака вели Господ Саваот: за столбовите и за морето, и за подножјата како и за другите работи, што останаа во овој град, а кои вавилонскиот цар Навуходоносор не ги зеде, кога го одведе во ропство јудејскиот цар Јехонија, синот Јоакимов, царот јудејски од Ерусалим и сите старешини во Вавилон, зашто вака вели Господ Саваот, Бог Израилев, за садовите што останаа во домот Господен, во домот на јудејскиот цар и во Ерусалим: тие ќе бидат однесени во Вавилон и таму ќе останат, сѐ додека ве посетам, вели Господ, и ве изведам и ве вратам во ова место. Во истата година, во почетокот на царувањето на јудејскиот цар Седекиј, во четвртата година, во петтиот месец, Ананија, синот Азуров, пророк од Гаваон, зборуваше во домот Господен пред свештениците и сиот народ, велејќи: – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар; по две години ќе ги вратам во ова место сите садови од домот Господен, кои вавилонскиот цар Навуходоносор ги зеде одовде и ги однесе во Вавилон. и јудејскиот цар Јехонија, синот Јоакимов, и сите заробени Јудејци, што отидоа во Вавилон, ќе ги вратам на ова место, вели Господ; бидејќи ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар. И му рече пророкот Јеремија на пророкот Ананија пред сите свештеници и пред сиот народ, што стоеше во домот Господен, па кажа пророкот Јеремија: нека биде така, нека го изврши тоа Господ, нека ги исполни Господ зборовите твои што ги изрече за враќањето од Вавилон, на садовите од домот Господен на ова место, и за сите заробени! Само чуј го зборот што ќе ти го кажам, чуј го ти, а нека го чуе и сиот народ; пророрците, што беа пред мене и пред тебе, им претскажуваа на многу земји и на големи царства – војна, беда и помор. Ако некој пророк претскажал мир, само тогаш тој бил признаван за пророк, навистина испратен од Господа, кога ќе се исполни зборот на тој пророк. Тогаш пророкот Ананија го зеде јаремот од вратот на пророкот Јеремија и го скрши. И рече Ананија пред сиот народ: »вака вели Господ – ете, така ќе го строшам јаремот на вавилонскиор цар Навуходоносора по две години, откако ќе го извадам од вратот на сите народ. Тогаш си отиде Јеремија по својот пат. И би слово Господово до Јеремија, откако пророкот Ананија го скрши јаремот од вратот на пророкот Јеремија: оди и кажи му на Ананија – вака вели Господ: ти го скрши дрвениот јарем, но место него направи железен. Зашто така вели Господ Саваот, Бог Израилев: железен јарем ќе им ставам на вратот на сите овие народи за да му работат на вавилонскиот цар Навуходоносора, и тие ќе му служат; дури и ѕверовите полски нему му ги предадов.« Па му рече пророкот Јеремија на пророкот Ананија: слушај, Ананија, Господ не те пратил, и ти лажна надеж му даваш на овој народ. Затоа, вака вели Господ: еве, Јас ќе те исфрлам од лицето на земјата; уште во текот на оваа година ќе умреш, бидејќи зборуваш против Господа. И умре пророкот Ананија во таа година во седмиот месец. Еве ги зборовите од писмото, кое пророкот Јеремија го испрати од Ерусалим до другите старешини меѓу преселените, до свештениците, до пророците и до сиот народ, кој Навуходоносор беше го одвел од Ерусалим во Вавилон, откако беа излегле од Ерусалим царот Јехонија, царицата, дворјаните, кнезовите на Јудеа и на Ерусалим, дрводелците и ковачите, преку Елеаса, синот Сафанов, и преку Гамарија, синот Хелкиев, кои јудејскиот цар Седекија ги испрати во Вавилон до вавилонскиот цар Навуходоносора, – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев, до сите заробени, кои Јас ги преселив од Ерусалим во Вавилон – правете куќи и живејте во нив, садете градини и јадете ги плодовите нивни; женете се и раѓајте синови и ќерки; и на синовите земајте им жени и ќерките и мажете ги, за да раѓаат синови и ќерки, па размножувајте се таму, а не да се намалувате. Грижете се за доброто на градот, во кој ве преселив, и молете Му се на Бога за него; оти, ако му е нему добро, и вие ќе имате мир. Зашто така вели Господ Саваот, Бог Израилев: нека не ве мамат вашите пророци, кои се меѓу вас и вашите бајачи; и не верувајте им на соништата што ги сонувате. Лажно ви пророкуваат во Мое име; Јас не сум ги пратил, вели Господ. Бидејќи така вели Господ – кога во Вавилон ќе исполните седумдесет години, тогаш ќе ве посетам и ќе го исполнам Мојот добар збор за вас, за да ве вратам на ова место. Оти само Јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас, вели Господ, замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж. Па ќе повикате по Мене, ќе појдете и ќе Ме замолите, и Јас ќе ве чујам; ќе Ме побарате, и ќе Ме најдете, ако Ме побарате од сѐ срце. Ќе Ме најдете, вели Господ, и ќе ве вратам од ропство и ќе ве соберам од кај сите народи и од сите мсета, каде што ве изгонив, вели Господ, и ќе ве вратам онаму, од каде што ве преселив. Вие велите: »Господ ни издигна пророци и во Вавилон.« Така вели Господ за царот, кој седи на Давидовиот престол, и за сиот народ, што живее во тој град; за браќата ваши, што не се одведени со вас во ропство. Вака вели Господ Саваот за нив – еве, ќе испратам врз нив, меч, глад и помор и ќе ги направам како лошите смокви, што не можат да се јадат поради негодниот вкус; и ќе ги гонам со меч, глад и помор и ќе ги предадам на зло кај сите земни царства, за проклетство и ужас, за потсмев и навреда меѓу сите народи, каде што ќе ги оттерам, поради тоа што не ги слушаа зборовите Мои, вели Господ, што ги праќав до нив преку слугите Мои, пророците, ги праќав од рано утро, но не послушавте, вели Господ. А вие, сите преселиен, што ве пратив од Ерусалим во Вавилон, чујте го словото Господово: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев, за Ахава, синот на Колија, и за Седекија, синот на Масеа, кои ви пророкуваат лага во Мое име: еве, Јас ќе ги предадам во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносора, и тој ќе ги убие пред очите ваши. И сите преселени Јудејци, кои се во Вавилон, ќе се научат од нив да колнат: »Да ти направи Господ, како што им направи на Седекија и на Ахава, кои вавилонскиот цар ги изгоре на оган,« поради тоа што вршеа гнасни работи во Израилот: прељубодејствуваа со жените на ближните свои и во Мое има кажуваа лага, што не сум им заповедал; Јас го знам тоа и Сам сум сведок, вели Господ. И на Семаја од Елам речи му: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: поради тоа што во свое име праќаше писма до сиот народ во Ерусалим и до свештеникот Софонија, син Масејев, и до сите свештеници, велејќи: Господ те поставил за свештеник место свештеникот Јодај, за да бидеш меѓу надзорниците во домот Господен, та секој што беснее и пророкува, да го затвориш и да го ставиш во клада. Зошто не му забраниш на Јеремија од Анатот да пророкува кај вас? Заради тоа и до нас во Вавилон испрати да кажат: »ропството ќе трае долго – правете куќи и живејте во нив, обработувајте ги градините и јадете ги плодовите нивни.« Кога свештеникој Софониј го прочите тоа писмо на глас пред пророкот Јеремиј, тогаш би слово Господово до Јеремија: Испрати, па кажи им на сите преселени – вака вели Господ за Семаја од Елам – бидејќи Семаја пророкува кај вас, а Јас не сум го пратил, и ви кажува лажна надеж, затоа, вака вели Господ: еве, ќе го казнам Семаја од Елам и племето негово; ќе нема од него човек да живее меѓу овој народ и нема да го види доброто, што ќе му го направам на Мојот народ, вели Господ – оти тој зборува против Господа. Слово Господово што дојде до Јеремија – вака вели Господ, Бог Израилев: запиши ги во книга сите зборови, што ти ги кажав. Оти, еве, идат дни, вели Господ, кога ќе го вратам од ропство Мојот народ, Израилот и Јуда, вели Господ; и повторно ќе ги доведам во земјата, која им ја дадов на татковците нивни, и тие ќе ја владеат. А еве ги зборовите, што ги изрече Господ за Израилот и за Јуда. Вака вели Господ: глас од смут и ужас слушаме ние, а не мир. Прашајте и размислете: раѓа ли маж? А зошто гледам при секој човек рацете да му се на бедрата како при жена, кога раѓа, и лицата на сите да им се бледи? О, тешко, голем е оној ден, нема сличен на него; тоа е мачно време за Јакова, но тој ќе биде избавен од него. И во оној ден, вели Господ Саваот, ќе го здробам јаремот негов, што му е околу вратот, и твоите окови ќе ги раскинам; па повеќе нема да служи на туѓинци, туку ќе Му служите на својот Господ Бог и на царот свој Давида, кого што ќе им го издигнам. И ти, слуго мој Јакове, не бој се, вели Господ, и не плаши се, Израилу, оти еве, Јас ќе те избавам тебе од земјата далечна и племето твое – од земјата на ропството; па ќе се врати Јаков и ќе живее спокојно и мирно и нема никој да го заплашува, оти Јас сум со тебе, вели Господ, за да те избавувам: Јас наполно ќе ги истребам сите народи, меѓу кои те прогонив, но тебе нема да те истребам; ќе те казнам по мерка, но неказнет нема да те оставам. Оти така вели Господ: твојата рана не е излечива, болката ти е жестока; никој не се грижи за твоето дело, за да ти ја излекува раната твоја; за тебе лек нема; сите пријатели твои те заборавија, не те бараат, бидејќи Јас те удрив со непријателски удари, со жестока казна за многуте твои беззаконија, бидејќи гревовите твои се намножија. Зошто викаш поради раните свои, од лутина на твојата болест? За многуте твои беззаконија ти го направив тоа, оти гревовите твои се намножија. Но сите, што те голтаат, ќе бидат проголтани; и сите твои непријатели – ќе појдат во ропство, и твоите опустошители ќе бидат опустошени, и сите твои грабачи ќе ги предадам на грабеж. Ќе ги обложам и ќе ги излекувам твоите рани, вели Господ. Тебе те нарекуваа отфрлен, велејќи: »еве го Сион, за кого никој не прашува.« Така вели Господ: еве, ќе ги вратам заробените од шаторите на Јакова и ќе се смилувам на нивните живеалишта, и градот пак ќе биде изграден на својот рид, а и храмот ќе биде обновен, како што си беше. И ќе се крене од нив благодарност и глас на весели луѓе; и Јас ќе ги размножам, и нема да се намалуваат, па ќе ги прославам, и нема да бидат понизени. И синовите негови ќе бидат како порано, и собранието негово ќе стои пред Мене, а ќе ги казнам сите негови насилници. И ќе излезе од него водач, и владетел негов ќе произлезе од него; и Јас ќе го привлечам, па ќе доје при Мене; оти кој е тој што сам од себе пристапува до Мене? – вели Господ. И вие ќе бидете Мој народ, а Јас ќе ви бидам Бог. Еве, виорот на јароста од Господа доаѓа, виор страшен; ќе падне врз главите на безбожниците. Пламениот гнев на Господа нема да отстапи, сѐ додека не ја изврши и не ја исполни замислата на срцето Свое. Во последните дни ќе го разберете тоа. Во тоа време, вели Господ, Јас ќе им бидам Бог на сите племиња Израилеви, а тие ќе бидат Мој народ. Така вели Господ: народот, што се спасил од меч, најде милост во пустињата; одам да го успокојам Израилот. Оддалеку ми се јави Господ и ми рече: со вечна љубов те засакав и затоа пристапив кон тебе со милост. Јас пак ќе те кренам, и ти ќе биде обновена, девојко Израилева, па ќе ги земеш тимпаните свои и ќе излезеш на собор со оние што играат; пак ќе садиш лоза по самариските височини; лозарите, што ќе ги садат, сами и ќе се користат од нив. Оти ќе дојде ден, кога стражата на планината Ефремова ќе извика: »станувајте да се искачиме на Сион при нашиот Господ Бог.« Бидејќи така вели Господ: пејте со радост за Јакова и воскликнувајте пред главата на народите; разгласувајте, славете и кажувајте: го избави Господ Твојот народ, остатокот од Израилот! Еве, Јас ќе ги доведам од северната земја и ќе ги соберам од земните краишта, и слеп и хром, и бремена и родилка, заедно со нив – големо множество ќе се врати овде. Тие отидоа со солзи, Јас, пак, ќе ги поведам со утеха; ќе ги поведам покрај потоци со води, по рамен пат, по кој нема да се сопнуваат; бидејќи Јас сум отец на Израилот, и Ефрем е Мојот првороден. Чујте го, народи, словото Господово и разгласете го по островите далечни и кажете: Оној што го расеа Израилот, Он и ќе го собере и ќе го пази како што го прави тоа пастирот со своето стадо; оти Господ ќе го откупи Јакова и ќе го избави од рацете на оној, кој беше посилен од него. И тие ќе дојдат и ќе се радуваат на сионските височини, и ќе се стрчаат кон добрата Господови, кон пченицата, виното и елејот, кон јагнињата и воловите; и душата нивна ќе им биде како градина напоена со вода, и веќе нема да се измачуваат. Тогаш девојката ќе се радува на оро, а и младите и старите заедно; и тагата нивна ќе се претвори во радост, ќе ги утешам и ќе ги зарадувам по нивната болка. И ќе ја нахранам душата на свештениците со мрс, и Мојот народ ќе се насити со Моите добра, вели Господ. Така вели Господ: глас се слуша во Рама, пискот и горко плачење: Рахил плаче за децата свои и не сака да се утеши за нив, оти ги нема. Така вели Господ: задржете го гласот свој од плачење и очите свои – од солзи, оти за трудот твој има награда, вели Господ, и тие ќе се вартат од непријателската земја. И надеж има за твојата иднина, вели Господ, и твоите синови ќе се вратат во пределите свои. Го слушам Ефрема како плаче: »Ти ме казни, и јас сум казнет како нескротен јунец; сврти ме – и ќе се свртам, зашто ти си мој Господ Бог. Кога се обрнав, јас се покајав; кога бев вразумен, се удирав по бедрата; станав посрамен, станав смутен, зашто го носев срамот од младоста своја.« Зар Ефрем не е Мојот драг син, не е ли тој дете сакано? Оти, штом ќе почнам да зборувам за него, секогаш се сеќавам со љубов за него; срцето Мое се радува за него; ќе се смилувам над него, вели Господ. Постави си знаци по патиштата, постави си купишта камења, запомни го патот, по кој си врвела; враќај се, девојко Израилева, враќај се во тие твои градови. Уште ли ќе скиташ, ќерко отстапничка? Оти Господ ќе направи нешто ново на земјата: жената ќе го спаси мажот. Така вели Господ Саваот, Бог Израилев: во иднина, кога ќе ги вратам робовите нивни, тие по земјата на Јуда и во неговите градови ќе го кажуваат овој збор: »Господ нека те благослови, живеалиште на правдата, света горо!« И ќе се насели во неа Јуда и сите негови градови заедно, земјоделците и они што пасат стада. Бидејќи Јас ќе ја напојам изморената душа и ќе ја наситам секоја малаксана душа. Потоа се разбудив и погледнав, и сонот ми беше пријатен. Ете, идат дни, вели Господ, кога ќе посеам во домот Израилев и во домот на Јуда семе човечко и семе од добиток. И како што внимавав за нив, кога ги искоренував и ги уништував, кога ги разрушував, погубував и повредував, така ќе внимавам на нив, кога ќе ги издигнувам и насадувам, вели Господ. И тогаш, нема да велат веќе: »Татковците јадеа кисело грозје, а забите на децата нивни им фаќаат оскомина.« Но, секој умира поради своето сопствено беззаконие; кој ќе јаде кисело грозје, нему забите ќе му фаќаат оскомина. Еве настапуваат дни, вели Господ, и ќе склучам со домот Израилев и со домот на Јуда нов завет. Не онаков завет, каков што склучив со татковците нивни во денот, кога ги фатив за раце, за да ги изведам од Египетската земја; тој Мој завет тие го нарушија, иако останав во сојуз со нив, вели Господ. Но еве го заветот, што ќе го склучам со домот Израилев по оние дни, вели Господ: ќе го вложам Мојот закон во утробата нивна и ќе го напишам во срцата нивни, па Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ. И нема повеќе да учат еден друг, брат брата и да зборуваат: »познајте Го Господа«, оти сите тие, од мал до голем, сами ќе Ме знаат, вели Господ, бидејќи ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам. Така вели Господ, Кој го определи сонцето да свети дење, и им даде наредба на месечината и на ѕвездите да светат ноќе, кој Го бранува морето, и брановите негови да бучат; Господ Саваот е името Негово. Ако тие наредби престанат да ги применуваат пред Мене, вели Господ, тогаш и племето Израилево ќе престане да биде народ пред Мене за секогаш. Така вели Господ: ако може да се измери небото угоре и основите на земјата да се испитаат удолу, тогаш и Јас ќе го отфрлам сето племе Израилево, за сѐ она, што го правеа, вели Господ. Еве, доаѓаат дни, вели Господ, кога градот ќе биде обновен за слава на Господа, од кулата на Анамеила до Аголната порта, и мерката на земјата од ридот ќе отиде уште погоре, токму до ридот Гарив и ќе свие кон Гоат. И целата долина на труповите и на пепелта, и целото поле до потокот Кедрон, до аголот на Коњската порта спрема исток, ќе биде светиња Господова; нема да се разрушува и нема да се расипува довека. Слово Господово што дојде до Јеремија во десеттата година на јудејскиот цар Седекија; таа година беше осумнаесеттата година на Навуходоносора. Тогаш војската на вавилонскиот цар го опсадуваше Ерусалим, а пророкот Јеремија беше затворен во стражарницата, што се наоѓаше при домот на јудејскиот цар. Јудејскиот цар Седекија го затвори таму, откако рече: »Зошто пророкуваш и велиш – така вели Господ: еве, Јас ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го преземе; и Седекија, јудејскиот цар, нема да избега од рацете на Халдејците, туку бездруго ќе биде предаден во рацете на вавилонскиот цар, и ќе зборува со него уста во уста, и очите негови ќе ги видат неговите очи; и тој ќе го одведе Седекија во Вавилон, каде што и ќе остане, додека не го посетам, вели Господ. Ако се борите против Халдејците, нема да победите?« И рече Јеремија: такво беше словото Господово до мене. Еве, Анамеил, синот на твојот чичко Салума, доаѓа при тебе да ти каже: купи ја нивата моја, што се наоѓа во Анатот, зашто, според родбинското право, тебе ти се паѓа да ја купиш. И Анамеил, синот на мојот чичко, дојде при мене, според словото Господово, во стражарницата и ми рече – купи ја мојата нива во Анатот, во земјата на Венијамина, зашто правото на наследство е твое и куповното право е твое: купи ја. Тогаш разбрав дека тоа беше слово Господово. И ја купив од Анамеила, синот на мојот чичко, нивата во Анатот, и му измерив седум сикли сребро и десет сребреници; И запишав во книга, ја потпечатив, повикав потоа сведоци и парите ги измерив. Па ја зедов потврдата за купопродавање, потпечатена според законот, и наредбата, и така, отворено, му ја дадов потврдата за купување на Варуха, синот на Нирија, Маасеев син, пред очите на Анамеила, синот на мојот чичко, и пред очите на сведоците, кои го потпишаа тој купопродажен договор пред очите на сите Јудејци, што седеа во стражарницата; и му заповедав на Варуха во нивно присуство; вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – земи ја оваа книга, договоров за купопродавање, која е потпечатена и оваа отворена книга, и стави ги во глинен сад, за да останат таму долго време. Оти, така вели Господ Саваот, Бог Израилев: во ова земја пак ќе се купуваат куќи, ниви и лозја. И откако му ја предадов на Нириевиот син Варуха купопродажната потврда, јас се помолив на Господа: »О, Господи Боже, Ти го создаде небото и земјата со силата Твоја голема и со крената мишка; за Тебе не постои ништо невозможно; Ти покажуваш милост на илјадници и за гревовите на татковците нивни им отплаќаш на децата нивни по нив: Боже Велики, Силни, на Кого името Му е Господ Саваот. Голем по мудрост и силен според делата, Чии очи се отворени врз сите патишта на синовите човечки, за да отплатува секому според патиштата негови и според плодовите на делата негови, Кој изврши чудеса и покажа знаци во земјата Египетска, а извршуваш и до денес во Израилот и меѓу сите луѓе, и Си создаде име, како во оној ден, па го изведе Твојот народ Израилот од земјата Египетска со знаци и чудеса, со силна рака и крената мишка и со голем страв. И им ја даде оваа земја, која со клетва им ја беше ветил на татковците нивни, дека ќе им ја дадеш, земја, каде што тече мед и млеко. Ти влегоа и ја наследија, но не го слушаа гласот Твој и не одеа по законот Твој, не вршеа што им беше заповедал Ти да прават, па заради тоа Ти го испрати врз нив сево ова зло. Еве, насипите дојдоа до градот, за да го преземат; и од меч, глад, и од помор градот ќе се предаде во рацете на Халдејците, кои се борат против него; сѐ што рече Ти, се исполнува, и, еве, Ти го гледаш тоа. Ти, Господи Боже, ми рече: купи си нива за сребро и повикај сведоци тогаш, кога градот се предава во рацете на Халдејците.« И би слово Господово до Јеремија: – Еве, Јас сум Господ, Бог на секоја плот; има ли нешто, што не е можно за Мене? Затоа, вака вели Господ: еве, Јас го предавам овој град во рацете на Халдејците и во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносора, и тој ќе го преземе, и ќе влезат Халдејците, што го опсадуваат овој град, ќе го запалат градот со оган и ќе го изгорат него и куќите, под чии стреи се вознесувало кадење на Ваала и се извршувал прелив на туѓи богови, за да Ме разгневуваат. Оти синовите Израилеви и синовите Јудини уште од младоста своја само зло вршеа пред очите Мои; синовите Израилеви Ме разгневуваа со делата на рацете свои, вели Господ. И како само заради Мојот гнев и заради Мојата јарост да постоеше овој град од денот на неговото основање па сѐ до денес, за да го отфрлам од лицето Свое за сето зло на синовите Израилеви и на синовите Јудини, кои, за да Ме разгневуваат, го правеа тие, царевите нивни, кнезовите нивни, свештениците нивни, пророците нивни, луѓето на Јуда и жителите на Ерусалим. Па Ми го свртија грбот, место лицето и, кога ги учев, ги учев од рано утро, но тие не сакаа да примат поука, и во домот, во кој се призима името Мое, ги поставија своите гнасни работи и го осквернија. Во долината на Еномовите синови изградија незнабожечко светилиште на Ваала, за да ги принесуваат синовите свои и ќерките свои во чест на Молоха, што не сум им заповдал, и на ум не ми идело, дека тие ќе ги вршат тие гнасни работи, воведувајќи го Јуда во грев. Но сега, вака вели Господ, Бог Израилев, за овој град, за кој вие велите: »Со меч, глад и помор се предава во рацете на вавилонскиот цар«, еве, Јас ќе ги соберам од сите страни, во кои бев ги расеал во гневот Свој во јароста Своја и во големото негодување, па ќе ги вратам на ова место и ќе им дозволам да живеат безопасно. Тие ќе бидат Мој народ, и Јас ќе им бидам Бог. И ќе им дадам едно срце и еден пат, за да се бојат од Мене во текот на сите дни од животот нивни, за нивно добро и за доброто на децата нивни по нив. Па ќе склучам со нив вечен завет, според кој нема да се одвратам од нив и ќе им правам добрини, и ќе вложам во срцата нивни страв од Мене, за да не отстапуваат од Мене. И ќе се радувам за нив, правејќи им добро, и ќе ги населам цврсто на оваа земја – од сѐ срце и од сета душа. Зашто така вели Господ: како што го испратив ова големо зло врз оној народ, така ќе испратам врз нив секакво добро што го изреков за нив. И тие ќе купуваат ниви во оваа земја, за која велат: »тоа е пустиња, без луѓе, без добиток; таа е предадена во рацете на Халдејците;« ќе купуваат ниви за сребро, ќе потпишуваат купопродажни книги, ќе ги потпечатуваат и ќе повикуваат сведоци – во земјата на Венијамина, во ерусалимската околина и во градовите на Јуда, во планинските градови, во градовите на полето и во јужните градови; бидејќи ќе ги вратам заробените нивни, вели Господ. И вторпат би слово Господово до Јеремија, кога беше тој затворен во стражарницата – вака вели Господ, Кој ја создаде земјата, Господ, Кој ја уреди и зацврсти, – Кому Му е името Господ: повикај кон Мене, и Јас Ќе ти одговорам, ќе ти покажам нешто големо и недостапно, нешто, што ти не го знаеш. Оти, така вели Господ, Бог Израилев, за куќите на овој град и за куќите на јудејските цареви, што ќе се урнат за окопи и за борби. Оние, што дојдоа да се борат против Халдејците, за да ги исполнат домовите со трупови на луѓе, кои Јас во Својот гнев и во јароста Своја ќе ги поразам и поради чие беззаконие Јас го сокрив лицето од тој град. Еве, Јас ќе ги излекувам, ќе ги исцелам и ќе им откријам изобилие на мир и вистина, ќе ги вратам заробените на Јуда и заробените на Израилот и ќе ги зацврстам како порано, ќе ги исчистам од секое нивно беззаконие, со кое згрешија пред Мене, и ќе им ги простам сите нивни гревови, со кои се огрешија пред Мене и остастапија од Мене. И Ерусалим ќе биде за Мене радосно име, похвала и чест, пред сите земни народи, што ќе чујат за сите добра, какви што ќе им давам и ќе се уплашат и ќе затреперат од сите добра и од секаков благослов, што ќе им го дадам. Така вели Господ: на ова место за кое вие велите – »тоа е пусто, без луѓе и без добиток«, во јудејските градови и во ерусалимските улици, кои се пусти, без луѓе, без жители, без добиток, пак ќе се слуша глас од радост и глас од веселба, глас на младоженец и глас на невеста, глас на оние што велат: »славете Го Господа Саваота, зашто е благ Господ, зашто е милоста Негова вечна«, и глас на оние што принесуваат благодарствена жртва во домот Господен; бидејќи Јас ќе ги вратам заробените од оваа земја во нивната поранешна состојба, вели Господ. Така вели Господ Саваот: во ова место, кое е пусто – без луѓе, без добиток, и во сите негови градови пак ќе има живеалишта на пастири, што ќе ги доведуваат стадата свои на одмор. Во планинските градови, во градовите по полето и во јужните градови, во земјата на Венијамина, во ерусалимските предградија и во градовите Јудини пак ќе врват стада под раката на оној што ќе ги пребројува, вели Господ. Еве настапуваат дни, вели Господ, кога ќе го исполнам ова добро слово, што го изреков за домот Израилев и за домот на Јуда. Во тие дни и во тоа време ќе благословам на Давида да му израсте Подмладок на правдата, и Он ќе изврши суд и правда на земјата. Во тие дни Јуда ќе биде спасен, и Ерусалим ќе живее безопасно и ќе Му стават име: »Господ е наша правда!« Оти, така вели Господ: нема да снема маж при Давида, што не ќе седи на престолот во домот Израилев, и кај левитските принесувачи на жртви нема да снема пред лицето Мое човек, кој преку сите дни да не вознесува сепаленица, да изгорува приноси и да принесува жртви. И би слово Господово до Јеремија – вака вели Господ: ако можете да го разрушите заветот Мој со денот и заветот Мој со ноќта, така што денот и ноќта да не се сменуваат во определеното време, тоа тогаш ќе можете да го разрушите и заветот Мој со Мојот слуга Давида, така што да нема при него син, што ќе царува на неговиот престол, а исто така и со левитите – свештеници, служители Мои. Како што е небесната војска безбројна, и песокта морска неизброива, така ќе се размножи племето на Мојот слуга Давида и на левитите кои Ми служат. И би слово Господово до Јеремија: зар не гледаш, дека овој народ вели – »двете племиња, кои Господ ги избра, Он ги отфрли«, и со тоа тие го презираат Мојот народ како веќе да не е народ Мој пред очите нивни? Така вели Господ: да не бев го утврдил заветот Мој со денот и ноќта и наредбите на небото и на земјата, тоа тогаш и племето на Јакова и на Мојот слуга Давида, ќе го отфрлев, за да не земаат веќе од неговото племе владетели, за племето на Авраама, и Исака, и Јакова, бидејќи ќе ги вратам нивните заробени и ќе ги помилувам. Слово што дојде до Јеремија од Господа, кога вавилонскиот цар Навуходоносор, сета војска негова, сите земни царства, подвластени под негова рака, и сите народи се бореа против Ерусалим и против сите негови градови – Така вели Господ Бог Израилев: оди, кажи му на јудејскиот цар Седекиј и речи му – вака вели Господ: еве, Јас ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го изгори со оган; и ти нема да избегаш од рацете негови, туку ќе бидеш фатен и предаден во рацете негови и очите твои ќе ги видат очите на вавилонскиот цар, и устата негова ќе ѝ зборува на твојата уста, па ќе појдеш во Вавилон. Ислушај го словото Господово, царе јудејски, Седекија. Вака вели Господ за тебе – ти нема да умреш од меч; ти ќе умреш во мир, како и таковците твои, царевите поранешни, кои беа пред тебе и за кои при погребението гореа благопријатни мириси, така ќе горат и за тебе и ќе те исплачат – »о, господаре!« заради тоа што Јас го реков овој збор, вели Господ. Пророкот Јеремија му ги кажа сите овие зборови на јудејскиор цар Седекија во Ерусалим; а војската на царот вавилонски удираше на Ерусалим и против сите јудејски градови, кои уште се држеа, против Лахис и Азек; бидејќи од јудејските градови само тие останаа поцврсти. Слово Господово што дојде до Јеремија, откако царот Седекија склучи договор со сиот народ, што беше во Ерусалим, за да прогласат слобода, па секој да го пушти својот роб на слобода и робинката, Евреин и Еврејка, така што никој од нив да не го држи во ропство, Јудеецот братот свој. И послушаа сите кнезови и сиот народ, што беа пристапиле кон заветот, така што секој да го отпушти на слобода својот роб и секој – робинката своја, па во иднина да не ги држат како робови; послушаа и ги отпуштија. Но потоа, откако размислија, почнаа да ги враќаат робовите и робинките, што беа ги пуштиле на слобода, и ги принудија пак да бидат робови и робинки. И би слово Господов до Јеремија: така вели Господ, Бог Израилев: Јас склучив завет со вашите татковци, кога ги изведов од Египетската земја и од домот на ропството, па реков – »Во крајот на седмата година отпуштај го братот свој Евреин, кој ти се продал; нека ти работи шест години, а потоа отпушти го од кај тебе на слобода.« Но татковците ваши не го приклонија увото свое и не Ме послушаа. Вие сега се повративте и постапивте справедливо пред очите Мои, што му објавивте секој од вас на ближниот свој слобода, и склучивте пред Мене завет во домот, над кој се призовува името Мое; но отпосле се предомисливте и го обесчестивте името Мое, па ги зедовте назад секој својот роб и секој својата робинка, кои бевте ги пуштиле на слобода, кому каде му беше угодно, и ги принудивте сега пак да ви бидат робови и робинки. Затоа, вака вели Господ: вие не Ме послушавте да објавите слобода на братот свој и на ближниот свој; затоа, еве, Јас, вели Господ, ви објавувам слобода за да бидете предадени на меч, за помор и на глад и ќе ве предадам на поруга пред сите цареви земни; и ќе ги предадам оние, што го престапија заветот Мој и не ги исполнија зборовите на заветот, што го склучија пред лицето Мое, откако пресекоа теле на две половини и минаа меѓу расечените делови, јудејските кнезови и ерусалимските кнезови, дворјаните и свештениците и сиот народ на земјата, кој мина меѓу расечените делови на телето, ќе ги предадам во рацете на непријателите нивни и во рацете на оние, кои ја бараат душата нивна, а труповите нивни ќе бидат храна за птиците небески и за ѕверовите земни. И Седекија, царот јудејски, и кнезовите негови ќе ги предадам во рацете на непријателите нивни и во рацете на оние, кои ја сакаат душата нивна, и во рацете на војската на вавилонскиот цар, која остапи од вас. Еве, Јас ќе заповедам, вели Господ, и ќе ги вратам кон овој град и тие ќе го нападнат, ќе го преземат и ќе го изгорат со оган, и градовите на Јудеја ќе ги направам пустиња без луѓе. Слово од Господа, упатено до Јеремија во дните на јудејскиот цар Јоаким, син Јосиев: оди во домот на Рехавовци, позборувај со нив и доведи ги во домот Господов, во една од собите и дај им да пијат вино. Јас го поведов Јазанија, синот на Јеремија, син Авациниев, и братот негов, сите синови негови и сиот дом на Рехавовци, па ги доведов во домот Господен, во собата на синовите од Годолија, син Ананов, човек Божји, која се наоѓа до собата на кнезовите, а над собата на Масеа, син Селумов, стражар при влезот. И поставив пред синовите од домот на Рехавовци полни грнци со вино и чаши, па им реков: »Пијте вино!« Но тие рекоа: »Ние вино не пиеме, бидејќи нашиот татко Јонадав, син Рехавов, ни заповедал, велејќи – ‚вино не пијте ни вие, ниту децата ваши довека; и куќи не правете, и семиња немојте да сеете, лоза не садете; такви работи да нема при вас, туку преку сите денови на животот свој живејте во шатори, за да поживеете долго на оваа земја, каде што сте туѓинци.‘ И ние го послушавме гласот на нашиот татко Јонадав, син Рехавов, во сѐ, што ни заповеда – да не пиеме вино во текот на сите наши дни, ние и жените наши, синовите наши и ќерките наши, и да не правиме куќи за наше живеење; и, ете, ние немаме ни лозја, ни ниви, ниту градини, туку живееме во шатори и во сѐ се покоруваме и го вршиме сето она, што ни заповеда нашиот татко Јонадав. А кога вавилонскиот цар Навуходоносор дојде во оваа земја, ние си рековме: да си одиме, да појдеме во Ерусалим пред халдејската војска и пред арамејската војска, и, еве, ние живееме во Ерусалим.« И би слово Господово до Јеремија: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: оди, кажи им на луѓето Јудини и на жителите ерусалимски – зар нема да излечете поука од ова за себе, па да ги послушате зборовите Мои, вели Господ. Се исполнуваат зборовите на Јонадава, синот Рехавов, кој им заповеда на синовите свои да не пијат вино, и тие до ден денес не пијат, бидејќи му се покоруваат на заветот што му го дале на својот татко; Јас, пак, постојано ви зборував од рано утро, а вие не Ме послушавте. Ги испраќав Јас при вас сите Мои слуги – пророците ги праќав од рано утро, и велев – повратете се секој од својот лош пат и исправете го поведението свое и не одете по други богови, за да им служите, па ќе живеете во оваа земја, кој ви ја дадов вам и на татковците ваши; но вие не го приклонивте увото и не Ме послушавте. Бидејќи синовите на Јонадава, синот Рехавов, ја исполнуваат заповедта на својот татко, што беше им ја дал, а овој народ Мој Мене не Ме слуша, затоа, вака вели Господ, Бог Саваот, Бог Израилев – еве, Јас ќе го испратам врз Јудеја и врз сите жители ерусалимски сето ова зло, што го изреков врз нив, зашто Јас им зборував, а тие не слушаа, им викав, а тие не одговараа. А на домот на Рехавовци, Јеремиј им рече – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: бидејќи го послушавте заветот на вашиот татко Јонадава и ги пазите сите негови заповеди и во сѐ постапувате, како што ви заповедал, затоа, вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – никогаш нема да недостига од Јонадава, синот Рехавов, човек што ќе стои пред лицето Мое во сите дни. Во четвртата година на јудејскиот цар Јоаким, синот Јосиев, би ова слово Господово до Јеремија: земи си книга и напиши ги во неа сите зборови, што ти ги кажав за Израилот, за Јуда и за сите народи од оној ден, откако почнав да ти кажувам, од дните на Јосија па до денес; можеби домот Јудин ќе чуе за сите беди што мислам да му ги направам, па тие да се повратат секој од својот лош пат, и Јас да им ја простам неправдата нивна и гревовите нивни. И го повика Јеремиј Варуха, синот Нириев, и ги напиша Варух во книга како свиток книжен од устата на Јеремија сите Господови зборови, што му ги беше кажал Он. Тогаш Јеремија му заповеда на Варуха и му рече: »Јас сум затворен и не можам да појдам во домот Господен; затоа оди и прочитај ги ти од свитокот книжен запишаните зборови Господови од мојата уста гласно пред народот во домот Господов, во денот на постот, прочитај ги гласно и пред сите Јудејци, што се дојдени од градовите свои; можеби, тие ќе упатат смирена молба пред лицето Господово и ќе се повратат секој од својот лош пат; оти голем е гневот и негодувањето, кое Господ го изрече против овој народ.« Варух, синот Нириев, направи сѐ, како што му заповеда пророкот Јеремија – и ги прочита од свитокот книжен во домот Господоен, запишаните зборови Господови. Во петтата година на јудејскиот цар Јоаким, синот Јосиев, во деветтиот месец, објавија пред лицето Господово пост за сиот народ ерусалимски и за сиот народ, што беше дошол од јудејските градови во Ерусалим. И Варух ги прочите гласно пред сиот народ запишаните во свитокот книжен Јеремиевите зборови во домот Господен, во собата на писарот Гемариј, син Сефанов, во горниот двор при влезот кон новите порти на домот Господен. Михеј, синот на Гемарија, Сафанов син, ги чу сите Господови зборови, запишани во свитокот книжен, и слезе во домот на царот, во собата на царевиот писар, а тоа, таму седеа сите кнезови: Елисам, писарот царев, Делаја, синот Семаев, Елнатан, синот Ахборов, Гемариј, синот Сафанов, Седекиј, синот Ананиев, и сите кнезови. И им ги кажа Михеј сите зборови, што ги чу, кога Варух го читаше свитокот книжен гласно пред народот. Тогаш сите кнезови го пратија при Варуха Јехудија, синот Натаниев, син Селемиев, син Хусиев, да му каже: »Земи го в рака свитокот книжен, што го читаше гласно пред народот, па дојди!« И го зеде Варух, синот Нириев, свитокот в рака и отиде при нив. Тие му рекоа: »Седни и прочитај ни го гласно!« И Варух им го прочита гласно. Кога ги ислушаа сите зборовите, со ужас се погледаа помеѓу себе и му рекоа на Варуха: »Ние ќе му ги кажеме на царот сите овие зборови.« И го прашаа Варуха: »А кажи ни ти како ги напиша сите овие зборови од устата негова?« И им одговори Варух: »Он ми ги изговори со устата своја сите овие зборови, јас, пак, ги запишав со мастило во овој свиток книжен.« Тогаш кнезовите му рекоа на Варуха: »Оди и сокри се, ти и Јеремија, па никој да не знае, каде сте.« И отидоа при царот во дворецот, а свитокот книжен го оставија во собата на Елисама, писарот царев; па му ги раскажаа гласно пред царот сите тие зборови. Царот го испрати Јехудија да го донесе свитокот книжен, и тој го зеде од собата на Елисама, писарот царев; и го прочита Јехудиј гласно пред царот и гласно пред сите кнезови, што стоеја околу царот. Царот во тоа време, во деветтиот месец, престојуваше во зимскиот дворец и пред него имаше мангал со разгорен јаглен. Штом Јехудиј ќе прочиташе два – три столпца, царот ги сечеше со писарското ноже и еден по еден ги фрлаше во мангалот, сѐ додека не беше уништен целиот свиток во огнот, што го имаше во мангалот. Не се уплашија и не ги раскинаа облеките свои ни царот, ниту слугите негови, кои ги чуја сите зборови. Иако Елнатан, Делаја и Гемариј го молеа царот да не го гори свитокот книжен, но тој не ги послуша. И царот му заповеда на царевиот син Јерамеила, и на Сераја, синот Азрилов, и на Селемија, синот Авдилов, да го фатат писарот Варух и пророкот Јеремија. Но Господ ги сокри. И би слово Господово до Јеремија, откако царот го изгоре свитокот книжен и зборовите, што беше ги напишал Варух од устата на Јеремија, и му беше речено: »Земи си пак друг свиток и напиши ги во него сите поранешни зборови, што беа во првиот свиток книжен, кои јудејскиот цар Јоаким ги изгори; а на јудејскиот цар Јоаким кажи му – вака вели Господ: ти го изгори свитокот, зашто рече – бидејќи напиша во него: ‚бездруго ќе дојде вавилонскиот цар и ќе ја разори оваа земја и ќе ги истреби во неа луѓето и добитокот‘, поради тоа, вели Господ, за јудејскиот цар Јоаким: ќе нема од него човек што ќе седи на Давидовиот престол, и трупот негов ќе биде фрлен на дневниот припек и на ноќниот студ. Па ќе го посетам него, и племето негово, и слугите негови за неправдите нивни, и ќе го испратам врз нив и врз ерусалимските жители, и врз луѓето на Јуда, сето она зло, што го искажав врз нив, а тие не послушаа.« И зеде Јеремија друг свиток и му го даде на писарот Варух, синот Нириев, и тој ги напиша во него од устата на Јеремија сите зборови од оној свиток книжен, што го изгори во оган јудејскиот цар Јоаким; а додаде кон нив и уште многу други, слични на нив зборови. Место Јехонија, синот Јоакимов, царуваше Седекија, синот Јосиев, кого вавилонскиот цар Навуходоносор го постави за цар во Јудејската земја. Ни тој, ни слугите негови, ниту, пак, народот од земјата не ги послушаа зборовите на Господа, кои Он им ги кажа преку пророкот Јеремија. Царот Седекија го испрати Јехухала, синот Селемиев, и свештеникот Софониј, син Масеев, при пророкот Јеремија да кажат: »помоли се заради нас на нашиот Господ Бог.« Јеремија тогаш сѐ уште слободно влегуваше и излегуваше пред народот, бидејќи уште не беа го затвориле во темница. Во меѓувреме Фараоновата војска излезе од Египет, и Халдејците кои го опседуваа Ерусалим, штом разбраа за тоа, отидоа од Ерусалим. И би слово Господово до пророкот Јеремија: вака вели Господ, Бог Израилев – кажете му на јудејскиот цар, кој ве испрати до мене да ме прашате: еве, војската на Фараонот, што ви дојде на помош, ќе се врати во земјата своја, во Египет; а Халдејците пак ќе дојдат и ќе се борат против овој град, ќе го преземат и ќе го изгорат со оган. Така вели Господ – не лажете се, велејќи си во себе: »бездруго ќе си отидат Халдејците од нас«, зашто нема да си отидат; дури и да бевте ја разбиле сета војска на Халдејците, кои војуваат против вас, и да останеа при вас само ранетите, тоа тогаш и тие би станале, секој од шаторот свој и би го изгореле овој град со оган. И во тоа време, кога халдејската војска се оддалечи од Ерусалим, поради Фараоновата војска, Јеремија појде од Ерусалим, па дојде во земјата на Венијамина, сокривајќи се од народот. А кога беше пред портата Венијаминова, тамошниот управител на стражата, по име Јерај, син Селемиев, син Ананиев, го задржа пророкот Јеремиј и рече: »Ти сакаш да побегнеш при Халдејците, зар не?« Јеремија одговори – »Лага е тоа; не сакам да бегам при Халдејците.« Но Јерај не го послуша, го фати Јеремија и го одведе кај кнезовите. Кнезовите се разгневија на Јеремија, го биеја и го затворија во темница, во куќата на писарот Јонатан, бидејќи ја беа направиле затвор. Кога Јеремија влезе во темницата и во визбата, таму остана повеќе дни. Царот Седекија испрати по него и го доведоа. И го праша царот во својот дом тајно, велејќи: »Нема ли слово од Господа?« Јеремија одговори: »Има«, и додаде: »ќе бидеш предаден во рацете на вавилонскиот цар.« Тогаш Јеремија му рече на царот Седекија: »Што згрешив пред тебе, пред слугите твои и пред овој народ, па ме фрливте во темница? И каде се вашите пророци, кои ви пророкуваат кажувајќи: ‚Вавилонскиот цар нема да дојде против вас и против оваа земја?‘ А сега, чуј, господаре мој, царе, услиши ја молбава моја пред лицето твое; не враќај ме во куќата на писарот Јонатан, за да не умрам таму.« Тогаш царот Седекиј заповеда да го затворат Јеремија во стражарницата, и таму му даваа по едно парче леб на ден од улицата не лебарите, сѐ додека не се заврши сиот леб во градот. И така остана Јеремиј во стражарницата. Сафатиј, синот Матанов, Годолиј, синот Пасхоров, Јухал, синот Селемиин, и Пасхор, синот Малхиев ги чуја зборовите, што ги кажа Јеремија пред народот, откако рече: »Вака вели Господ – оној, што ќе остане во овој град, ќе умре од меч, од глад и од помор; а оној, што ќе појде при Халдејците, ќе биде жив, и неговата душа ќе му биде заменета место грабеж, и тој ќе остане жив. Така вели Господ – овој град бездруго ќе биде предаден во рацете на војската од вавилонскиот цар, и тој ќе го преземе.« Тогаш кнезовите му рекова на царот: »Овој човек нека биде предаден на смрт, оти влијае да ослабат рацете на војниците, што ќе останат во овој град, рацете на сиот народ, откако им ги кажа тие зборови; бидејќи овој човек не му пожелува добро на овој народ, туку зло.« И рече цаот Седекиј: »Ете, тој е во ваши раце, бидејќи царот не може ништо да направи против вас.« Тогаш го фатија Јеремија и го фрлија во јамата на Мелхија, синот царев, кој беше во стражарницата, и го пуштија Јеремија со јаже; во јамата немаше вода, туку само тиња, и Јеремија падна во тињата. И чу Авдемелех Етиопјанинот, еден од дворјаните, што се наоѓаше во царскиот дом, дека Јеремија го фрлиле во јамата, а царот тогаш седеше пред портите Венијаминови. Па излезе Авдемелех од царскиот дом и му рече на царот: »Господаре мој, царе, лошо ти направија оние луѓе што така постапија со пророкот Јеремија, кого го фрлија во јамата; тој ќе умре таму од глад, оти во градот веќе нема леб.« Царот му заповеда на Авдемелеха Етиопјанинот и рече: »Земи со себеси одовде триесетина луѓе и извлечи го пророкот Јеремија од јамата, додека уште не умрел!« Авдемелех зеде со себе луѓе и влезе во царскиот дом, во подземјето, и зеде оттаму износени алишта, стари крпи, па ги спушти со јаже во јамата при Јеремија. И му рече Авдемелех Етиопјанинот на Јеремија: »Стави ги тие ветви алишта и крпите под мишките на рацете свои, под јажето.« И Јеремија направи така. Па го повлекоа Јеремија со јажето и го извлекоа од јамата. И остана Јеремиј во стражарницата. Тогаш царот Седекиј прати, па го повика при себе Јеремија, при третиот влез за во домот Господен; и му рече на Јеремија – »Ќе те прашам нешто, но не сокривај ништо од мене.« И му рече Јеремија на Седекија: »Ако ти откријам, нема ли да ме предадеш на смрт, а ако те посоветувам, ти нема да ме послушаш.« И му се заколна тајно царот Седекиј на Јеремија, велејќи: »Жив Господ, Кој ни ја создаде душата, нема да те предадам на смрт и нема да те предадам во рацете на оние луѓе, што ја сакаат душата твоја.« Тогаш Јеремиј му рече на Седекија: »Вака вели Господ, Бог Саваот, Бог Израилев – ако отидеш при кнезовите на вавилонскиот цар, душата ќе ти остане жива, и овој град нема да биде изгорен со оган, и ти ќе бидеш жив, а и домот твој; ако, пак, не појдеш при кнезовите на вавилонскиот цар, овој град ќе биде предаден во рацете на Халдејците, и тие со оган ќе го изгорат, а ти нема да побегнеш од рацете нивни.« И му рече царот Седекија на Јеремија: »Се плашам од Јудејците, кои појдоа при Халдејците, за да не ме предадат Халдејците во рацете нивни, па тие да се исмеат со мене.« И му рече Јеремија: »Нема да те предадат; послушај го гласот Господов за ова, што ти го кажувам, па ќе ти биде добро, и жива ќе остане душата твоја. Ако, пак, не сакаш да појдеш еве го словото, што ми го откри Господ: ете, сите жени, што ќе останат во домот на јудејскиот цар, ќе бидат одведени при кнезовите на вавилонскиот цар, и ќе речат: ‚тебе те излагаа и те победија твоите пријатели; нозете твои потонаа во тиња, а тие побегнаа од тебе, и сите твои жени и децата твои ќе ги одведат при Халдејците, и ти не ќе можеш да избегаш од рацете нивни; ти ќе бидеш грабнат од раката на вавилонскиот цар и ќе направиш овој град да биде изгорен со оган.‘« И му рече Седекија на Јеремија: »Никој да не ги знае овие зборови, и тогаш ти нема да умреш; ако, пак, чујат кнезовите дека сум зборувал со тебе, и дојдат при тебе и ти речат – кажи ни, што му зборуваше на царот, не криј од нас, и ние нема да те убиеме, а и она, што ти рече царот, тогаш кажи им: јас му ја изнесов пред лицето на царот мојата молба, за да не ме враќа во домот на Јонатана, па да не умрам таму.« И дојдоа сите кнезови при Јеремија и го прашаа, а тој им одговори точно онака, како што му беше заповедал царот да каже, и тие молчешкум го оставија, бидејќи не го разбраа она што му беше речено на царот. И остана Јеремија во стражарницата до денот, во кој Ерусалим беше преземен. И Ерусалим го презедоа. Во деветтата година на Седекија, царот јудејски, во десеттиот месец, дојде Навуходоносор, царот вавилонски со сета војска своја до Ерусалим и го опседна. А во единаесеттата година на Седекија, во четвртиот месец, во деветтиот ден од месецот градот беше преземен. И влегоа во него кнезовите на вавилонскиот цар – Нергал – Саресер, Самгар – Нево, Сарсехим, началник на дворјаните, Нергал – Саресер, началник на гледачите, и сите други кнезови на вавилонскиот цар и се сместија до средните порти. Кога Седекија, царот јудејски, и сите воени началници, ги видоа, побегнаа, и во текот на ноќта излегоа од градот преку царската градина, низ портите меѓу двата ѕида и тргнаа по патот кон рамнината. Но халдејскста војска се спушти по нив; го достигнаа Седекија во Јерихонската рамнина; го фатија и го одведоа при вавилонскиот цар Навуходоносор во Ривла, во земјата Емат, и го судеше, пред очите негови, и сите јудејски великодостојници вавилонскиот цар ги закла; а на Седекија му ги извади очите и го стави во окови, за да го одведат во Вавилон. И вавилонскиот цар во Ривла ги закла синовите на Седекија пред неговите очи; вавилонскиот цар ги закла и сите велможи јудејски; а на Седекија му ги извади очите и го опкова во окови, за да го одведе во Вавилон. Домот на царот и домовите на народот Халдејците ги изгореа со оган и ѕидовите ерусалимски ги срушија. А остатокот од народот, што остана во градот, како и одметниците, кои му се придружија, и другиот народ Навузардан, началникот на телохранителите, ги пресели во Вавилон. Бедните од народот, пак, кои немаа ништо, Навузардан, началникот на телохранителите, ги остави во јудејската земја и им даде уште тогаш лозја и ниви. А за Јеремија Навуходоносор, царот вавилонски, му даде таква заповед на Навузардана, начланикот на телохранителите – »Земи го, грижи се за него, и не прави му ништо лошо, туку постапувај со него онака, како што ќе ти каже тој.« И прати Навузардан началникот на телохранителите, и Навузазван, началник на дворјаните, и Нергал – Саресер началник на гледачите, и сите кнезови на вавилонскиот цар, испратија и го зедоа Јеремија од стражарницата и му го доверија на Годолија, синот на Ахикама, синот Сафанов; го изведоа и тој остана да живее меѓу народот. Кога Јеремија уште беше затворен во дворскиот затвор, би слово Господово до него: оди, речи му на Авдемелех Етиопјанинот – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: еве, Јас ќе ги исполнам зборовите за овој град на зло, но не на добро, и тие ќе се извршат во оној ден пред очите твои; но тебе ќе те избавам во оној ден, вели Господ, и нема да бидеш предаден во рацете на луѓето, од кои се плашиш. Јас ќе те избавам и ти нема да паднеш од меч, и душата твоја ќе остане место грабеж, бидејќи на Мене се надеваше, вели Господ. И би слово Господово до Јеремија, откако Навузардан, началникот на телохранителите, го отпушти од Рама, каде што го беше зел окован во вериги од другите заробени ерусалимци и Јудејци, преселувани во Вавилон. Началникот на телохранителите го зеде Јеремија и му рече: »Твојот Господ Бог го изрече ова зло врз ова место и го испрати Господ, и направи, како што рече – бидејќи вие згрешивте пред Господа и не го послушавте гласот Негов, и ете заради тоа и ве постигна ова. Па така, еве, јас денес те ослободувам од веригите, што ти се на рацете твои; ако ти е угодно да дојдеш со мене во Вавилон, дојди и јас ќе се грижам за тебе; ако, пак, не ти е угодно да дојдеш со мене во Вавилон, остани овде. Еве, оваа земја е пред тебе; каде што ти е угодно и каде што ти е мило да одиш, појди таму.« Додека тој уште не беше тргнал, Навузардан рече: »Оди при Годолија, синот на Ахикама, сино Сафанов, кого вавилонскиот цар го постави за началник над јудејските градови, и остани со него меѓу народот; или, оди, каде што ти е мило да одиш.« И началникот на телохранителите му даде храна и дар, па го отпушти. И дојде Јеремија при Годолија, синот Ахикамов, во Масифа и живееше со него меѓу народот, што беше останал во земјата. Кога сите воени началници, што беа во рамнината, тие и луѓето нивни, чуја дека вавилонскиот цар го поставил Годолија, синот Ахикамов, за началник над земјата и му ги доверил луѓето, жените и децата и бедните во земјата, што не беа преселени во Вавилон, тогаш дојдоа во Масифа при Годолија Исмаил, синот Натаниев, Јоанан и Јонатан, синовите Карееви, Сераја, синот Танасметов, синовите на Офа од Нетофат и Језонија, синот на Махат, тие и дружината нивна. Годолиј, синот на Ахикама, син Сафанов, им се заколна ним и на луѓето, велејќи: »Не бојте се да им служите на Халдејците, останете си во земјата и служете му на вавилонскиот цар, па ќе ви биде добро; јас пак ќе останам во Масифа за да се застапувам пред Халдејците, што ќе доаѓаат при нас; а вие собирајте вино, летни плодови и елеј, собирајте го во вашите садови и живејте во градовите свои, што ги зазедовте.« Исто така и сите Јудејци, што се наоѓаа во земјата Моав, меѓу синовите на Амона, во Идумеја и по сите краишта, чуја дека вивилонскиот цар оставил дел од Јудејците и го поставил над нив Годолија, синот на Ахикама, син Сафанов, па се вратија сите тие Јудејци од сите места, каде што беа прогонети, и дојдоа во јудејската земја при Годилија во Масифа, и собраа многу вино и летни плодови. Меѓутоа, Јоанан, синот на Кареја, и сите воени началници, што се наоѓаа во полето, дојдоа при Годолија во Масифа, и му рекоа: »знаш ли ти дека Валис, царот на синовите Амонови, го испрати Исмаила, синот Натаниев, да те убие?« Но Годолија, синот Ахикамов, не им поверува. Тогаш Јоанан, синот Кареев, му рече тајно на Годолија во Масифа: »Дозволи ми да појдам и да го убијам Исмаила, синот Натаниев, и никој нема да разбере; зошто да дозволиш да те убие и да се растураст сите собрани при тебе Јудејци, и да загине остатокот од Јуда?« Но Годолија, синот Ахикамов, му рече на Јоанан, синот Кареев: »Не прави го тоа, оти она, што ми го кажуваш за Исмаила, не е вистина.« Во седмиот месец, Исмаил, синот на Натанија, син Елисамов, од царски род и великодостојник при царот, и десет души со него дојдоа во Масифа при Годолија, синов Ахикамов, и таму, во Масифа, јадеа заедно леб. И стана Исмаил, синот Натаниев и десетте души со него, па го убија со меч Годолија, синот на Ахикама, син Сафанов, и го убија оној, кого вавилонскиот цар го беше поставил за управник на земјата. Исмаил ги уби и сите Јудејци, што беа со Годилија во Масифа, и Халдејците, војници што се наоѓаа таму. На вториот ден, по убивањето на Годилија, додека уште никој не знаеше за тоа, дојдоа од Сихем, Силом и Самарија, осумдесет души со избричени бради и раскинати облеки и со гребнатинки по телото, со дарови и ливан во рацете, за да ги принесат во домот Господен. Исмаил, синот Натаниев, излезе од Масифа да ги пресретне, одејќи и плачејќи, и кога ги сретна, им рече: »Одете при Годолија, синот Ахикамов.« И кога влегоа во градот, Исмаил, синот Натаниев, заедно со оние што беа со него, ги уби и нив и ги фрли во јама. Но се најдоа меѓу нив десет души, кои му рекоа на Исмаила: »Не убивај нѐ, бидејќи во полето имаме сокриени клетови со пченица и јачмен, елеј и мед.« И тој се воздржа, па не ги уби со нивните други браќа. А ровот, каде што ги фрли Исмаил труповите на луѓето, што ги уби поради Годилија, беше истиот, што го беше направил царот Аса, од страв пред Васа, царот израилски; него го наполни Натаниевиот син Исмаил со убиените. Тогаш го зароби Исмаил сиот народ во Масифа, царските ќерки и сиот друг народ што беше останал во Масифа, кого Навузардан, началникот на телохранителите, беше го доверил на Годилија, синот Ахикамов, па во зората тргна Исмаил, Натаниевиот син кон земјата на синовите Амонови. Но, Јоанан, синот на Кареја, и сите со него воени началници, чуја за сите злодела што беше ги извршил Исмаил, синот Натаниев, па ги поведоа сите луѓе и отидоа да се бијат со Исмаила, синот Натаниев, и го стигнаа при големите води, во Гаваон. И кога сиот народ, што беше со Исмаила, го виде Јоанана, синот Кареев, и сите со него воени началници, тој се зарадува. Тогаш сиот народ, што беше го заробил Исмаил од Масифа, се откажа и се приклучи, па отиде при Јоанана, синот на Кареја. А Исмаил, синот Натаниев, побегна од Јоанана со осум души и отиде при синовите Амонови. Тогаш Јоанан, синот Кареев, и сите со него воени началници го поведоа од Масифа сиот народ, што го ослободи тој од Исмаила, синот Натаниев, откако го беше убил Годолија, синот Ахикамов, луѓе, војници, жени, деца и дворјани, што ги беше извел од Гаваон: отидоа, па се задржаа во населбата Химам, близу до Витлеем, за да избегаат во Египет, бидејќи се плашеа од Халдејците, оти Исмаил, синот Натаниев го уби синот Ахикамов, Годолија, кого вавилонскиот цар беше го поставил за управник на земјата. Потоа дојдоа сите војводи и Јоанан, синот на Кареја, и Језаниј, синот Осаин, и сиот народ, од мало до големо. и му рекоа на пророкот Јеремија: »Еве ја молбата наша пред тебе, помоли Му се на твојот Господ Бог за сиот овој остаток, зашто од многумина останавме малку, како што нѐ гледаат твоите очи, па твојот Господ Бог да ни го покаже патот, по кој треба да врвиме, и што треба да правиме.« И им рече пророкот Јеремија: »Ве чув, ќе Му се молам на вашиот Господ Бог, по молбата ваша, и сѐ, што ќе ви одговори Господ, ќе ви го кажам, ни збор нема да сокријам од вас.« Тие му рекоа на Јеремија: »Господ нека ни биде вистински и верен сведок за тоа, дека ние ќе направиме сѐ, што твојот Господ ќе заповеда за нас; добро ли, лошо ли ќе биде тоа, ние ќе го послушаме гласот на нашиот Господ Бог, при Кого те праќаме, за да ни биде добро, ако бидеме послушни на гласот од Господа, нашиот Бог.« По десет дни би слово Господово до Јеремија. Тој го повика при себе Јоанана, синот Кареев, сите со него војводи и сиот народ – од мало до големо, па им рече: вака вели Господ, Бог Израилев, – до Кого ме испративте да Му ја пренесам вашата молба ако останете во оваа земја, Јас ќе ве зацврстам и нема да ве разорам, ќе ве посадам и нема да ве искоренам, зашто жалам за бедата, што ви ја направив. Не бојте се од вавилонскиот цар, од кого се плашите, не бојте се од него, вели Господ, бидејќи и Јас сум со вас, за да ве спасувам и да ве избавувам од неговата рака. И ќе покажам милост спрема вас, и тој ќе се смили над вас и ќе ве врати во вашата земја. Ако, пак, речете: »не сакаме да живееме во оваа земја« и не го послушате гласот на Господа, вашиот Бог, велејќи – »не, туку ќе отидеме во земјата Египетска, каде што нема да видиме војна и нема да чуеме трубен глас, и нема да гладуваме, таму ќе живееме«, тогаш чујте го сега словото Господово, вие, остатокот од Јуда: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: »ако го свртите лицето свое, за да отидете во Египет, и отидете таму, за да се населите, тогаш мечот, од кој се плашевте, ќе ве постигне таму, во земјата Египетска, и гладот, од кого се боевте, секогаше ќе ве следи во Египет, и таму ќе умрете. И сите, што ќе го свртат лицето свое да отидат во Египет и таму да живеат, ќе умрат од меч, од глад и од помор, и ниеден од нив нема да остане и нема да побегне од бедата што ќе ја пратам врз нив. Оти, така вели Господ Саваот, Бог Израилев: како што се излеа гневот Мој и јароста Моја врз жителите ерусалимски, така ќе се излее јароста Моја врз вас, кога ќе влезете во Египет, и ќе станете за проклетство и за ужас, за поруга и за укор, и нема повеќе да го видите ова место. Господ ви зборува вам, остатоци Јудини: не одете во Египет; знајте, дека ви сведочам јас. Оти вие згрешивте против самите себеси – вие ме пративте пред Господа, нашиот Бог, и ми рековте: помоли се за нас на Господа, нашиот Бог, а сѐ што ќе каже Господ, нашиот Бог, кажи ни, и ние ќе извршиме. И еве, кога ви го кажав денес тоа, вие не го послушавте гласот на Господа, нашиот Бог, и сето она, со кое ме прати Он до вас. Па така, знајте, дека ќе умрете од меч, од глад и од помор во она место, каде што сакате да појдете, за да живеете таму.« Кога Јеремија му ги изговори на сиот народ овие зборови на нивниот Господ Бог, сите тие зборови со кои нивниот Господ го прати до нив, тогаш Азариј, синот Осаиев, и Јоанан, синот Кареев, и сите охоли луѓе му рекоа на Јеремија: »Тоа, што го зборуваш не е вистина; Господ, нашиот Бог, не те прати да кажеш – ‚не одете во Египет, за да живеете таму‘ туку Варух, синот Нириев, те наговори против нас, за да нѐ предадеш во рацете на Халдејците, па да нѐ убијат, или да нѐ одведат како робови во Вавилон.« И Јоанан, синот Кареев, сите војводи и сиот народ не го послушаа гласот на Господа, за да останат во земјата Јудејска: Тогаш Јоанан, синот Кареев, и сите војводи го поведоа сиот остаток од Јудејците, кои се беа вратиле од кај сите народи, каде што беа прогонети, за да живеат во земјата јудејска; мажи, жени, деца, царевите ќерки и сите оние, кои Навузардан, началник на телохранителите, ги остави со Годолија, синот на Ахикама, син Сафанов, и пророкот Јеремија, и Варуха, синот Нириев; па отидоа во земјата Египетска, бидејќи не го послушаа гласот на Господа, и стигнаа до Тафнис. И би слово Господово до Јеремија во Тафнис: земи во рацете големи камења и сокри ги во измесена глина пред влезот на Фараоновиот дом во Тафнис, пред очите на Јудејците, и кажи им – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: еве, ќе пратам и ќе го доведам Навуходоносора, царот вавилонски, слугата Свој, и ќе го поставам престолот негов врз овие камења што ги сокрив, и тој ќе го распне над нив својот великолепен шатор и ќе дојде, па ќе ја порази Египетската земја: и кој е за смрт, ќе биде предаден на смрт; и кој е за ропство, ќе отиде во ропство, а кој е за под меч – под меч. Па ќе запалам оган во светилиштата на боговите египетски; и тој ќе ги изгори, а нив ќе ги зароби, и ќе се нагрне со Египетската земја, како пастир што се наметнува со облеката своја, па ќе си отиде оттаму со мир. И ќе ги собори статуите на Бетсамис, што се наоѓаат во Египетската земја, и светилиштата на египетските богови ќе ги изгори со оган. Дојде словото Господово до Јеремија за сите Јудејци, кои живеат во Египетската земја, населени во Магдол, Тафнис, Ноф и во земјата Патрос – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: вие ја видовте сета беда, што ја испратив врз Ерусалим и врз сите градови јудејски; ете, тие се сега запустени и никој не живее во нив, поради нивната злоба, што згрешија, откако Ме разгневуваа, одејќи да кадат и да служат на други богови, што не ги познаваа ни тие, ни вие, ниту татковците ваши. И ги праќав при вас сите слуги Мои – пророците, ги праќав од рано утро, за да ви кажат: »Не правете го тоа гнасно дело, што Ми е одвратно.« Но тие не го приклонија увото и не слушаа, за да се одвратат од своето зло, да не кадат на други богови. И Мојата јарост и Мојот гнев се излеа и се разгори врз градовите на Јудеја и по ерусалимските улици; тие станаа урнатини и пустелија, како што гледате сега. А сега, вака вели Господ, Бог Саваот, Бог Израилев: зошто го вршите тоа големо зло на душите свои, истребувајќи ги помеѓу себе мажите и жените, возрасните, децата и младинците во Јудеја, за да не оставите остаток, па, бидејќи Ме разгневувате со делата на рацете свои, со кадењето пред други богови во земјата Египетска, каде што дојдовте да живеете, та да се погубите самите себе и да станете за проклетство и укор кај сите народи по земјата? Зар го заборавивте нечестието на вашите татковци и нечестието на јудејските цареви, вашето сопствено нечестие и нечестието на вашите жени, што го вршеа во земјата Јудејска и по ерусалимските улици? Но, тие не се смирија ни до денес, не се бојат и не одат по Мојот закон и по Моите наредби, што ви ги дадова вам и на татковците ваши. Затоа, вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: »еве, ќе го свртам против вас лицето Свое за погибел, и за да ја истребам цела Јудеја, и ќе го земам остатокот Јудин што реши да замине во земјата Египетска и да живее таму, и ќе бидат истребени сите; ќе паднат во земјата Египетска и со меч и со глад ќе бидат истребени; мало и големо ќе умрат од меч и од глад, и ќе бидат изложени на проклетство и ужас, за поруга и укор. Ќе ги посетам оние, што живеат во земјата Египетска, како што ги посетив Ерусалим, со меч, со глад и со помор, и никој нема да избега и нема да се спаси од остатокот на Јудејците, кои дојдоа во земјата Египетска, за да живеат таму и потоа да се вратат во земјата Јудејска, каде што од сѐ срце сакаа да се вратат, за да живеат таму; никој нема да се врати освен оние, што ќе побегнат оттаму.« И сите мажи, кои знаеја дека жените нивни им кадат на други богови, и сите жени, што стоеја таму во големо множество, и сиот народ кој живееше во земјата Египетска, во Патрос, му одговорија на Јеремија и му рекоа: »Зборот, што ни го кажа во името Господово, ние не го слушаме; туку ќе правиме сѐ што е излезено од устите наши: ќе ѝ кадиме на богињата на небото и ќе ѝ правиме преливи, како што го правевме тоа, ние и татковците наши, царевите наши и кнезовите наши, по градовите на Јудеја и по улиците ерусалимски, бидејќи тогаш бевме сите во добра состојба и беди не видовме; и, откако прекративме да ѝ кадиме на богињата на небото и да ѝ правиме преливи, трпиме секакви скудности и загинуваме од меч и од глад. И кога ѝ кадиме на богињата на небото и ѝ принесуваме преливи, зар без знаење на нашите мажи ѝ правевме лепчиња со нејзиниот лик или принесувавме преливи?« Тогаш Јеремија му рече на сиот народ, на мажите и жените, и на сиот народ што така му одговараше: »Зар Господ не си спомна за кадењето, што го извршувавте во јудејските градови, по улиците ерусалимски, вие и татковците ваши, царевите ваши, кнезовите ваши и народот од земјата, и зар не влезе тоа во срцето Негово? Господ не може веќе да ги поднесува вашите лоши дела и одвратности, што ги правевте; затоа и земјата ваша стана пустиња, ужас и проклестство, без жители, како што гледате сега. Затоа што кадевте и Му грешевте на Господа, не го слушавте гласот на Господа и не одевте според законот Негов, по наредбите Негови и по заповедите Негови, па затоа и ве постигна ова зло, како што гледате сега.« Тогаш Јеремија му рече на сиот народ и на сите жени: »Чујте го словото Господово, вие, сите Јудејци, што сте во земјата Египетска; вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: сѐ што зборувавте со устата, тоа и со раце го правевте вие и жените ваши; вие велите: ‚да ги исполнуваме нашите завети, што ги ветивме, да ѝ кадиме на богињата на небото и да ѝ принесуваме преливи.‘ Навистина, вашите завети, ги одржавте и ги извршивте точно вашите ветувања. Затоа сега чујте го словото Господово, вие, сите Јудејци, што живеете во земјата Египетска: еве, Јас се заколнав во Своето велико име, вели Господ, дека во сета Египетска земја нема повеќе да се изговара името Мое од устата на кој и да било Јудеец, за да рече: ‚жив да е Господ Бог!‘ Еве, Јас ќе бдеам над вас за погибел, а не за добро, и сите Јудејци во земјата Египетска ќе загинат од меч и од глад, сѐ додека не бидат наполно истребени. Само малкумина оттргнати од мечот ќе се вратат од земјата Египетска во Јудејската, а сите други Јудејци, што отидоа во земјата Египетска, за да поживеат таму, ќе узнаат дека зборот ќе се изврши: Мојот или нивниот. И, еве ви знак, вели Господ, дека ќе ве посетам на тоа место, за да знаете, дека ќе се исполнат зборовите Мои за вас, за ваша погибел. Така вели Господ: еве, Јас ќе го предадам египетскиот цар, фараонот Вафрија, во рацете на непријателите негови и во рацете на оние, што ја бараат душата негова, онака како што го предадов јудејскиот цар Седекија во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносора, непријателот негов, кој ја бараше душата негова.« Слово кое пророкот Јеремија му го кажа на Варуха, синот Нириев, кога тој ги запиша во книга овие зборови од устата на Јеремија, во четвртата година на јудејскиот цар Јоакима, син Јосиев – »Вака вели Господ, Бог Израилев, за тебе, Варухе: ти велиш, – ‚тешко мене! оти Господ ми придодаде кон болката моја; изнемоштен сум од воздишки и спокој немам.‘ Кажи му вака: така вели Господ – еве, што сум направил ќе разрушам, и, што сум посадил ќе искорнам – целава оваа земја. А ти за себе сакаш нешто големо: не барај; бидејќи еве, Јас ќе испратам беда врз секое суштество, вели Господ, а место плен ќе ја оставам душата твоја насекаде каде и да појдеш.« Слово Господово, упатено до пророкот Јеремија за незнабожечките народи: за Египет, за војската на фараонот Нехао, цар египетски, која беше при реката Ефрат во Кархамис и која ја победи Навуходоносор, царот вавилонски во четвртата година на Јоакима, синот Јосиев, цар јудејски: »Пригответе ги штитовите и копјата и стапете во бој; оседлајте ги коњите и качете се на нив, коњаници, и поставете ги шлемовите; наострете ги копјата, облечете се во оклопи. А зошто, гледам, тие се уплашија и се свртија назад? Јунаците нивни се разбиени и бегаат, не обѕрнувајќи се назад, страв од секаде, вели Господ. Нема да побегне брзоногиот и нема да се избави силниот; на север, покрај реката Ефрат, ќе се сопнат и ќе паднат. Кој е тој што се подига како поток и водите да му се брануваат како во река? Египет се подига како река и водите му се разбрануваат како потоци, па вели: ќе се кренам и ќе ја покријам земјата, ќе го уништам градот и жителите негови. Седнувајте на коњите и впрегнувајте ги колите, излегувајте, и гинете, јунаци, Етиопјани и Либијци, вооружени со штит, и Лидијци, што ги држите и затегнувате лаковите; зашто овој ден е за Господа, Бога Саваота, ден за одмазда, за да им се одмазди на непријателите Свои; и меч ќе изедува, ќе се насити и ќе се опие од крвта нивна; бидејќи тоа ќе се изврши за Господа Бога Саваота, како жртвен принос во северната земја, при реката Ефрат. Оди во Галад и земи балсам, девојко, ќерко египетска; залудо ќе трупаш лекови – исцеление за тебе нема. Чуја народите за твојот срам, и пискотот твој ја исполни земјата; бидејќи јунак со јунак се судрува, па обајцата паѓаат.« Слово, кое Господ му го кажа на пророкот Јеремиј за доаѓањето на Навуходоносора, царот вавилонски, за да ја порази земјата Египетска: »Соопштете во Египет, и кажете во Мигдол, јавете во Ноф и во Тафнис; кажете: ‚кажи ѝ да се приготви оти мечот ќе ги изеде околните населби.‘ Зошто е јунакот твој соборен? Не се одржа, оти Господ го собори; Он направи така, што многумина се судруваа и паѓаа дури еден врз друг, велејќи: ‚станувај да си појдеме при нашиот народ во својата родна земја, далеку од насилничкиот меч.‘ а таму викаат: ‚Фараонот, царот египетски, пропадна; го пропушти определеното време.‘ Жив сум Јас, вели Царот, чие име е Господ Саваот: ќе дојде Он како Тавор меѓу горите и како Кармил покрај морето. Подготви се за преселување, ќерко, жителко египетска, зашто Ноф ќе биде опустошен, разорен, па не ќе остане ниту еден жител. Египет е убава јунечка: но погибелта иде, доаѓа од север. И наемниците негови кај него не изгледаат како згоени телци, па и самите тргнаа да бегаат, побегнаа сите, не можеа да издржат, бидејќи врз нив дојде нивниот погибелен ден, време за да им одмаздам. Гласот нивни писка како глас на змија, тие доаѓаат со војска, ќе дојдат врз него со секри како дрвари, ќе ја исечат шумата негова, вели Господ, бидејќи се безбројни; повеќе се отколку скакулците, па број немаат. Засрами се, ќерко египетска, ти, која си предадена во рацете на северниот народ. Господ Саваот, Бог Израилев, вели: еве, Јас ќе го посетам Амона, кој живее во Ноф, Фараонот и Египет, боговите негови и царевите негови, Фараонот и оние што се надеваат во него, И ќе ги предадам во рацете на оние што ја бараат душата нивна и во рацете на Навуходоносора, царот вавилонски, и во рацете на слугите негови, но потоа тој ќе биде населен, како и во поранешните дни, вели Господ. А ти, Јакове, слуго Мој, не бој се и не плаше се, Израеле: оти еве, Јас ќе те избавам од далечната земја и семето твое – од земјата на ропството нивно; и ќе се врати Јаков и ќе живее спокојно и мирно, и никој нема да го заплашува. Не бој се, Јакове, слуго Мој, вели Господ, оти Јас сум со тебе. Јас ќе ги истребам сите народи, при кои те изгонив, но тебе нема да те истребам; само ќе те казнам тебе по мерка; неказнет нема да те оставам.« Слово Господово што дојде до пророкот Јеремија за Филистејците, пред Фараонот да ја порази Газа. Така вели Господ – еве, се креваат од север води, што ќе се претворат во буен поток и што ќе ја потопат земјата и сѐ што ја исполнува, градот и жителите во него: тогаш ќе повикаат луѓето и ќе заплачат сите жители на земјата. Од топотот на копитата од силните коњи и од татнежот на неговите коли, од чкртањето на тркалата нивни, татковците не ќе можат да управат поглед кон децата свои, бидејќи рацете нивни ќе им отпаднат од оној ден што ќе дојде да ги сотре сите Филистејци, да ги оттргне од Тир и Сидон сите други помошници, бидејќи Господ ќе ги разори Филистејците, остатокот од островот Кафтор. Ќе оќелавее Газа, ќе пропадне Аскалон и остатокот од нивната долина. До кога ќе сечеш, о мечу Господов, кога ќе престанеш? Врати се во ножницата своја, престани и одмори се. Но, како да се одмориш, кога Господ заповеда против Аскалон и против морскиот брег; натаму Он го определи. За Моав вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: тешко на Невон, бидејќи ќе биде опустошен; Киријатим ќе се осрамоти, и ќе се предаде; Мизгав ќе се посрами и ќе се вџаши. Ќе ја снема повеќе слава на Моав; во Есевон ќе преземаат зло против него: да отидеме за да го сотреме меѓу народите. И ти, Мадмено, ќе опустееш; меч ќе те гони. Се слуша пискот од Оронаим, пустошење и сотирање големо! Моав е сотрен; пискот кренаа децата негови. На искачување кон Лухит се слуша непрестаен плач; слегувајќи од Оронаим, непријателот слуша ужасен викот поради пропаста. Бегајте, спасувајте си ги животите свои и бидете како оголено дрво во пустиња. Бидејќи ти се надеваше на делата свои и на ризниците свои, затоа ќе бидеш фатен, и Хамос ќе појде во ропство заедно со свештениците и со кнезовите свои. И ќе дојде опустошител врз секој град, и нема ниеден град да се одржи; ќе загине долината и ќе запусти рамнината, како што вели Господ. Подајте му крилја на Моав, за да може да полета; градовите негови ќе станат пустиња, оти ќе нема во нив кој да живее. Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господа, и нека е проклет кој го задржува мечот Негов од крв! Од младоста своја Моав беше спокоен, и се гордееше на својата слава, и не се преточуваше од сад во сад и во ропство не беше отишол; затоа во него си остануваше вкусот негов, и мирисот негов не се менуваше. Но, еве, идат дни, вели Господ, кога ќе пратам врз него преливачи, што ќе го преливаат и ќе ги испразнат садовите негови и ќе ги скршат стомните негови. Па ќе биде посрамен Моав заради Хамоса, како што беше посрамен домот Израилев поради Ветил, надежта негова. Зошто вие велите: – ние сме луѓе храбри и силни сме во бој? Моав е сотрен, и градовите негови горат, и одбраните младичи негови појдоа на клање, вели Царот – Господ Саваот е името Негово. Блиска е погибелта на Моав, и брза неговото зло. Сожалете го сите негови соседи, и сите што го знаете името негово, речете: како се здроби моќниот жезал и славната патерица! Слези од височината на величието твое и седни во жедната земја, ќерко, жителко на Дивон, бидејќи опустошителот на Моав ќе дојде при тебе и ќе ги разруши тврдините твои. Застани на патот и погледај ти, која живееш во Ароир, прашај го оној, што бега, и онаа, што гледа да се избави: што станува? Засрамен е Моав, зашто е сотрен; плачете и викајте, соопштете во Арнон дека Моав е опустошен. И суд дојде врз рамнината, врз Хелсон, врз Јаса и врз Мофат, врз Девон, врз Невон и врз Бет – Девлатаим, врз Киријат – Јарим, врз Бет – Гамул и врз Бет – Маон, врз Кариот, врз Восор и врз сите градови на земјата Моавска, далечни и блиски. Одбиен е робот на Моав и мишката негова е скршена, вели Господ. Опијте го, зашто тој се крена против Господ; нека се валка Моав во блуеницата своја, и сам ќе стане за потсмев. Зар не стана при тебе Израил за потсмев? Зар не те најде фатен меѓу крадците, па ти, кога зборуваше за него, само ја мавташе главата? Жители Моавски, оставете ги градовите и живејте по карпите и бидете како гулаби, кои вијат гнезда при влезот на пештера. Чувме за гордоста на Моав, гордост прекумерна, за неговата самоувереност и неговата надуеност, за неговото фалење и за горделивото негово срце. Ја знам Јас дрскоста негова, вели Господ, но тоа е безнадежно; лагите негови нема ништо да направат. Затоа, ќе плачам за Моав и ќе пиштам за целиот Моав; ќе воздивнувам за оние во Кир – Харес. Ќе плачам за тебе, лозо севамска, како што плачев за Јазера; твоите лозинки се префрлуваат преку морето, стигаат до езерото Јазерско; сотирачот ги нападна твоите летни производи и зрелото грозје. Радоста и веселбата се одзеде од Кармил и од земјата Моавска. Јас ќе направа виното во бурињата да заврши; никој веќе нема да гази во каците со песни; боен повик ќе име, а не радосен миг. Од пискотот на Есевон до Елеала и до Јаца тие ќе креваат глас од Сихор до Оронаим, до третата Егла, бидејќи и водите на Нимрим ќе пресушат. Ќе го сотрам Моав, вели Господ, оние што принесуваат жртви по незнабожечките светилишта и кои им кадат на боговите. Затоа срцето Мое ќе пишти за Моав како свирка, за жителите во Кир – Харес, срцето ќе им биде како свирка, бидејќи сите добра од нивните богатства пропаднаа; на секого главата ќе му биде гола и на секого брадата истрижена, кај сите на рацете ќе има зарези, а околу бедрата вреќиште. По сите покриви на Моав и по неговите улици ќе има само плач, бидејќи Јас го уништив Моав, како непотребен сад, вели Господ. Како е сотрен тој, ќе речат, плачејќи; како Моав се покри со срам, кога го сврти тилот, и ќе биде Моав за потсмев и ужас, за сите, што го опкружуваат, зашто вака вели Господ: ете, како орел ќе летне тој и ќе ги рашири крилјата над Моав. Градовите ќе бидат победени и трврдините освоени, а срцето на храбрите Моавци ќе биде во оној ден како срце на жена, што се измачува при породување. И ќе биде истребен Моав меѓу народите, бидејќи се крена против Господа. Страв, јама и клопка околу тебе – жителу моавски, вели Господ. Кој ќе избега од ужасот, ќе падне во јама; а кој ќе излезе од јамата, ќе падне во стапица; бидејќи ќе ја испратам врз него, врз Моав годината на нивната казна, вели Господ. Под сенката на Есевон застанаа оние што бегаа од сила; но оган излезе од Есевон, и пламен среде Сихон, па ќе го изгори крајот на Моав и темето на вознемирените синови. Тешко тебе, Моаве! Пропадна народот од Хамос, бидејќи синовите твои ти ги одведоа во ропство, и ќерките твои во – плен. Но во последните дни ќе ги вратам моавските заробеници, вели Господ. Дотука е судот за Моав. За синовите Амонови вака вели Господ – зар Израилот нема синови, зар нема наследник, зошто Малхом ја наследи земјата на Гад и зошто народот негов се насели во неговите градови? Затоа, еве идат дни, вели Господ, кога ќе се чуе боен повик во Рава од синовите Амонови, и таа ќе стане куп урнатини, и градовите нејзини изгорени и Израил ќе ги победи оние, кои го победија него, вели Господ. Плачи, Есевоне, зашто е опустошен Гад; викајте, ќерки на Рава; опашете околу себе кострет, плачете и трчајте околу плотовите; бидејќи Малхом ќе отиде во ропство, свештениците негови и кнезовите негови заедно. Зошто се фалиш со долините? Твојата долина пропадна, ќерко одметничка, која се надеваш на богатството свое, велејќи: »кој ќе излезе против мене?« Еве, Јас ќе испратам врз тебе ужас од сите страни твои наоколу, вели Господ, Бог Саваот; разбегајте се кој каде може и никој нема да ги собере разбеганите. Но потоа Јас ќе ги повратам заробените – синовите Амонови, вели Господ. За Едома, вака вели Господ Саваот: зар нема веќе мудрост во Теман, зар исчезна благоразумието кај разумните, зар ја снема нивната мудрост? Бегајте, свртете се со грбот, кријте се по пештерите, жители дедански, зашто Јас ќе ја испратам врз него погибелта Исавова, во време кога ќе го посетам. Ако би ти дошле берачите на лозјата при тебе, сигурно би оставиле некој пабирок. И крадци да дојдат во текот на ноќта, тие би украле, онолку колку што им е потребно. Јас, пак, Исава ќе го оголам, ќе ги откријам неговите скришни места и не ќе може да се сокрие. Ќе биде истребено племето негово, и браќата негови, и соседите негови; и ќе го снема. Остави ги сираците свои, Јас ќе го запазам животот нивни, и вдовиците твои нека се надеваат на Мене. Оти, така вели Господ: ете, и оние, на кои не им беше судено да ја пијат чашата, ќе ја пијат, па ти ли ќе останеш неказнет? Не, нема да останеш неказнет, туку ќе ја пиеш чашата. Зашто се колнам во името Свое, вели Господ, дека Восор ќе стане ужас, за потсмев, пустиња и проклетство, и сите негови градови ќе се претворат во вечна пустиња. Чув глас од Господа, и пратеник е испратен кај народите да им каже: соберете се и појдете против него, подигнете се на војна, бидејќи, еве, ќе те направам мал меѓу народите, презрен меѓу луѓето. Твојата страшна положба и гордоста на твоето срце те измамија, тебе, кој живееш во камени пештери и ги држиш врвовите на ритчињата. Но, макар и како орел да направиш гнездо високо, и оттаму ќе те сметнам, вели Господ. И ќе стане Едом пустош; секој, што ќе помине покрај него, ќе се зачуди и ќе потсвирне, гледајќи ги раните негови. Како што беа разорени Содом и Гомор и нивните соседни градови, вели Господ, така и таму нема да живее ниту еден човек, и син човечки нема да престојува во него. И, ете, како лав ќе излезе од висините Јордански кон утврдените живеалишта; но Јас ќе ги принудам брзо да излезат од Идумеја, и кој е избран, него ќе го поставам над неа. Зашто, кој е подобен на Мене и кој ќе побара одговор од Мене и кој пастир ќе ми се спротиви? Па така, чујте го решението на Господа, што го постави Он за Едома, и замислите Негови, што ги има за жителите темански: навистина, нив најмалите од стадото, ќе ги развлечат и ќе ги опустошат живеалиштата нивни. Од шумот на нивниот пад ќе се затресе земјата, и екот на нивното викање ќе се чуе дури до Црвеното Море. Ете, како орел ќе се крене тој, ќе полета и ќе ги рашири крилјата над Восор; и срцето на храбрите Идумејци во оној ден ќе биде како срце на жена, кога се породува. Што се однесува, пак, до Дамаск – Емат и Арпад се осрамотија, зашто, штом ја чуја жалната вест, опаднаа со духот; и, како разбрането море, тие не можат да се успокојат. Се уплаши Дамаск и се сврти да бега; страв го обзеде; болки и маки го опфатија како жена, која се породува. Како не се зачува градот на славата, градот на Мојата радост? И така, ќе паѓаат младите негови по улиците и сите војници ќе загинат во оној ден, вели Господ Саваот. Па ќе запалам оган по ѕидовите на Дамаск, и ќе ги уништам дворците на Венадад. За Кидар и за царствата асорски, што го победи Навуходоносор, царот вавилонски, вака вели Господ: станувајте, тргнете против Кидар и сосипете ги синовите на Исток! Шаторите нивни и овците нивни ќе ги земат за себеси, и покривките нивни и сета нивна покуќнина, и камилите нивни ќе ги земат и ќе им викаат страшно од сите страни. Бегајте, мавнете се што поскоро, сокријте се длабоко, жители асорски, вели Господ, оти Навуходоносор, царот вавилонски се реши против вас и смисли заговор против вас. Станувајте, тргнете против мирниот народ, кој безгрижно живее, вели Господ; кај него нема ни врати, ни резиња, живеат сами. Камилите нивни ќе станат плен и многуте стада нивни ќе бидат разграбени; и ќе ги растурам по сите ветрови, нив, кои си ги стрижат зулуфите, и од сите страни ќе испратам врз нив погибел, вели Господ. И ќе стане Асор живеалиште на шакали, пустиња вечна; човек нема да живее таму и син човечки нема да се задржува во него. Слово Господово, што беше кажано од пророкот Јеремија против Елама во почетокот од царувањето на Седекија, царот јудејски. Вака вели Господ Саваот: еве, ќе го скршам лакот на Елама, неговата главна сила; и ќе испратам против Елама четири ветра од четирите краишта на небото, и ќе ги растурам Еламците по сите тие ветрови, и не ќе има народ, при кого нема да појдат прогонетите Еламци; и ќе ги поразам Еламците со страв пред нивните непријатели и пред оние, што ја сакаат душата нивна; и ќе испратам врз нив беда, гневот Мој, вели Господ, и по нив ќе испратам меч, додека не ги истребам; и ќе го поставам престолот Свој во Елам, и ќе го истребам таму царот и кнезовите, вели Господ. Но во последните денови заробените Еламци ќе ги вратам, вели Господ. Слово што Господ го кажа преку пророкот Јеремија за Вавилон и за земјата Халдејска: »Соопштете и разгласете меѓу народите, подигнете знаме, објавете, не кријте ги, зборувајте: Вавилон падна, Вил е посрамен, Меродах е скршен, боговите негови се посрамени, идолите негови се скршени. Зашто од север се подигна врз него народ, кој ќе ја направи земјата негова пустиња, и никој нема да живее таму, и човек, и добиток, сѐ ќе се крене и ќе се разотидат. Во оние денови и во она време, вели Господ, ќе дојдат синовите Израилеви, тие и синовите Јудини, заедно, ќе одат, ќе плачат и ќе Го побараат својот Господ Бог; ќе прашаат за патот кон Сион и, свртени со лицето кон него, ќе велат: одете и присоединете се кон Господа со вечен завет, кој нема да се заборави. Народот Мој беше како загубено стадо; пастирите негови го оттргнаа од патот, па скитаа по планините; од гора на рид и го заборавија леглото свое. Сите, што ги наоѓаа, ги изедуваа, и непријателите им велеа: не сме виновни, оти тие згрешиле пред Господа, пред живеалиштето на правдата, и пред Господа, надежта на татковците нивни. Бегајте од Вавилон, заминете од земјата Халдејска и бидете како кози пред стадо од овци. Зашто, еве, Јас ќе подигнам и ќе доведам врз Вавилон збир голем од народи од северната земја, и ќе застанат против него, и тој ќе биде преземен: стрелите негови, бидејќи е искусен војник, напразно нема да се враќаат. И Халдеја ќе стане нивни плен; и оние, што ќе ја опустошат, ќе се наситат, вели Господ; зашто вие, грабачи на Моето наследство, се веселевте, прославувавте, потскокнувавте од радост, како јунечки на трева, и 'ржевте како бојни коњи. За голем срам ќе стане мајката ваша, ќе црвенее онаа, што ве родила; ете, иднината на тие народи ќе биде пустиња, земја сува и пустелија. Од гневот Господен таа ќе стане ненаселена и целата ќе запусти; и секој, што ќе мине низ Вавилон, ќе се вчудовиди и ќе си потсвирне, гледајќи ги сите рани негови. Наредете се во боен ред околу Вавилон, вие сите, кои затегнувате лак, стрелајте во него, не жалете ги стрелте, бидејќи тој згреши против Господа. Повикајте против него од сите страни; тој ја протегна раката; паднаа тврдините негови, испопаѓаа ѕидовите негови, зашто тоа е Господовата отплата; одмаздувајте му се; како што постапуваше тој, така постапувајте и вие со него. Истребете во Вавилон и сеач, и оној, што работи со срп во жетва; од страв пред опасниот меч секој нека се врати при својот народ и секој нека бега во земјата своја. Израилот е прснато стадо; го гонеа лавови; најнапред го гризеше асирскиот цар, а потоа Навуходоносор, царот вавилонски, и коските му ги здроби. Затоа, така вели Господ Саваот, Бог Израилев: еве, Јас ќе го посетам вавилонскиот цар и земјата негова, како што го посетив асирскиот цар; и ќе го вратам Израилот на неговото пасиште, и ќе си пасе по Кармил и по Васан, и душата негова ќе се наситува на гората Ефремова и во Галад. Во оние дни и во она време, вели Господ, Јас ќе ја побарам неправдата Израилева, и нема да ја има, и гревовите на Јуда и нема да се најдат; бидејќи ќе им простам на оние, што ќе останат живи. Појди против неа, против бунтовната земја и казни ги нејзините жители: пустоши и истребувај сѐ по нив, вели Господ, и направи сѐ што ти заповедав; Шум голем од борба ќе се крене по земјата и голем потрес. Како се скрши и како се разби чеканот по целата земја, како ли Вавилон стана ужас меѓу народите! Јас поставив стапици за тебе, и те фатив, Вавилоне, иако не го предвиде ти тоа; ти се најде и беше фатен, зашто стана против Господа. Господ ја отвори ризницата Своја и оттаму го зеде оружјето на гневот Свој, зашто тоа е дело на Господа Седржителот во земјата Халдејска. Појдете против неа од сите краишта, отварајте ги житниците нејзини, газете ја како снопје, наполно истребете ја, та ништо да не остане од неа; убивајте ги сите волови нејзини, нека одат на клање; тешко ним, бидејќи дојде денот нивни, времето на нивната посета. Се слуша глас од оние што бегаат и од оние што се спасуваат од Вавилонската земја, за да му го соопштат на Сион одмаздувањето Господово, на нашиот Бог, одмаздувањето за Неговото живеалиште. Повикајте ги против Вавилон сите стрелци, кои запнуваат лак, сместете се околу него, за да не се избави никој од него, платете му според делата негови; како што постапуваше тој, така постапувајте и вие со него, бидејќи тој се крена против Господа, против Светецот Израилев. Затоа младите негови ќе паднат по улиците негови, и сите војници негови ќе бидат истербени во оној ден, вели Господ. Еве, јас сум против тебе, о гордости, вели Господ, Бог Саваот; зашто дојде денот твој, времето на твојата посета. И ќе се сопне таа гордост и ќе падне, и никој нема да ја крене; па ќе запалам оган во градовите нејзини, и тој ќе уништи сѐ околу неа. Така вели Господ Саваот: угнетени се синовите Израилеви, како и синовите Јудини, и сите што ги заробија, ги држат цврсто и не сакаат да ги пуштат. Но Искупителот нивни е силен, Господ Саваот е името Негово; Он ќе го разгледа делото нивно, за да ја смири земјата и да ги дотера во страв вавилонските жители. Меч против Халдејците, вели Господ, и против жителите на Вавилон, и против кнезовите, негови, и против мудреците негови; меч против маѓепсниците негови, и тие ќе избезумат; меч против војниците негови, и тие ќе се уплашат; меч против коњите негови, против колите негови и против сите разни племенски народи меѓу него, и тие ќе бидат како жени; меч против ризниците негови, и нив ќе ги разграбаат; суша за водите негови, и тие ќе секнат; бидејќи тоа е земја на идоли и тие се фалат со своите идолски страшилишта. И таму ќе се населат пустиски ѕверови со шакали, и ќе живеат на неа ноеви, а таа нема да биде населенеа довека и населувана од род во род. Како што ги сосипа Бог Содом и Гомор, и нивните соседни градови, вели Господ, така и тука нема да живее ниту еден човек, и човечки син нема да се запира таму. Ете, од север иде народ, народ голем и многу цареви се креваат од краиштата земни; во рацете свои држат лак и копје; тие се жестоки и немилосрдни; гласот нивни бучи како море; јаваат на коњи, наредени се како еден човек, за да се удрат со тебе ќерко вавилонска! Чу за нив вест царот вавилонски, и рацете му малаксаа; жал го обзеде, мака – како на жена, кога се породува. Ете, излегува тој, како лав од височините Јордански кон утврдените живеалишта; но Јас ќе го принудам да излезе бргу од него; и кој е избран, нему ќе му го доверам, зашто кој е подобен на Мене и кој ќе побара одговор од Мене, и кој пастир ќе устои против Мене? Па така, чујте го решението на Господа, што го определи Он против Вавилон, и Неговата замисла, што ја има за Халдејската земја; навистина, нив најмалите од стадата, ќе ги повлечат; навистина, Он ќе ги опустоши живеалиштата нивни зедно со нив. Од шумот при преземањето на Вавилон ќе се затресе земјата, и пискот ќе се чуе меѓу народите.« Така вели Господ: еве, Јас ќе подигнам уривачки ветар против Вавилон и против Моите противници, што живеат во него; и ќе испратам против Вавилон веачи, што ќе го развеат, и ќе ја опустошат земјата негова, бидејќи во денот на неговата беда ќе нападнат врз него од сите страни; стрелец нека оптегне лак на стрелец, и против оној, што се гордее со својот оклоп; не штедете ги младите негови, сотрете ја целата војска негова. Удрените нека паднат на Халдејската земја и стреланите – по патиштата нејзини. Зашто, не е оставен Израилот сам, ниту Јуда, од својот Бог, Господа Саваота, иако им е земјата полна со гревови пред Светецот Израилев. Бегајте од Вавилон и секој нека ја спасува душата своја, за да не загине од беззаконијата негови, зашто тоа е време на одмазда за Господа: Он му отплатува како што заслужил. Вавилон беше во раката Господова како златна чаша, што ја опиваше целата земја; народите пиеја од неа вино, и обезумуваа. Ненадејно падна Вавилон и се скрши; плачете за него, земете балсам за раните негови, можеби тој и ќе оздрави. Го лекувавме Вавилон, но не оздраве; оставете го, и да си одиме секој во земајта своја, бидејќи пресудата за него стигна до небесата и се дигна до облаците. Господ ја изведе на видело нашата правда; да појдеме и да го соопштиме во Сион делото на нашиот Господ Бог. Острете ги стрелите, ставете ги во торбите за нив; Господ го возбуди духот на царевите од Мидија; бидејќи Он замисли нешто против Вавилон, за да го уништи, оти тоа е одмазда од Господа, одмазда за Неговото живеалиште. На вавилонските ѕидови дигнете знамиња, засилете го надзорот, поставете стражи, пригответе заседи, зашто, како што замислил Господ, така и ќе го направи она што го изрече против жителите вавилонски. О, ти, што живееш покрај големите води, кој изобилуваш со ризници, дојде крајот твој, и на твојата лакомост! Господ Саваот се заколна Сам во Себе: вистина велам, дека ќе те исполнам со луѓе како со скакулци, и ќе подигнам повик против тебе. Он ја создаде земјата со силата Своја, и ја утврди вселената со мудроста Своја и со разумот Свој ги распростре небесата. Според гласот Негов шумат водите небесни, и Он ги подига облаците од краиштата земни, пушта светкавици со дожд и изведува ветер од клетовите Свои. Безумен е човекот во своето знаење, секој леар се срамува со идолите свои, зашто идолот е лага, и нема дух во него. Тоа е чиста суета, дела на заблуда; во времето на нивната казна тие ќе исчезнат. Делот на Јакова не е како делот нивни, зашто Бог е Создателот на сѐ, и Израил е жезал на неговото наследство, името негово е Господ Саваот. Ти беше Мој чекан, бојно оружје; со тебе народите ги победував и со тебе царства сосипував; со тебе поразував коњ и неговиот јавач, и со тебе поразував кола и нејзиниот возач; со тебе сотирав маж и жена, со тебе убивав и стар и млад, со тебе уништував и момче и мома; со тебе уништував пастир и неговото стадо, со тебе го убивав земјоделецот и неговиот добиток за работа, со тебе поразував и обласни началници и градски управители. И ќе му отплатам на Вавилон и на сите жители халдејски за сето она зло, што му го направија на Сион пред очите ваши, вели Господ. Еве, Јас сум против тебе погубна горо, вели Господ, што ја разорува целата земја; и ќе ја протегнам против тебе раката Своја, ќе те сметнам од карпите и ќе те направам обгорена планина. И од тебе нема да земат камен за агол, ниту камен за темели, туку ќе бидеш вечна пустелија, вели Господ. Подигнете знаме на земјата, трубете со труба меѓу народите, вооружете ги против него народите, повикајте против него царства араратски, миниски и аскенаски, изберете водач против него, збоднете ги коњите како страшни скакулци. Вооружете ги народите против него, царевите на Мидија, нејзините обласни началници и сите нејзини градски управители и целата земја, што ѝ е потчинета. Земјата се тресе и потреперува, оти над Вавилон се извршуваат замислите на Господа, за да ја направи земјата Вавилонска пустиња без жители. Вавилонските борци престанаа да се борат, седат во свите тврдини; се исцрпи силата нивна, станаа како жени, живеалиштата нивни се изгорени, резињата нивни се скршени; гласник брза по гласник, известувач спроти известувач, за да му кажат на вавилонскиот цар дека му е градот од сите страни освоен; и дека бродовите му се земени, а оградите изгорени со оган, и дека војниците од страв се поразени. Оти, вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: ќерката вавилонска е како на гумно, кога се врши на него; уште малку и ќе дојде време за нејзината жетва. Ме јадеше и ме гризеше Навуходоносор, царот вавилонски; ме направи празен сад; ме проголта како змеј; ја наполни својата утроба со сладостите мои, и ме фрли. Неправдата над мене и над телото мое нека биде врз Вавилон, ќе рече жителката Сионова, и крвта моја – врз жителите халдејски, ќе рече Ерусалим. Затоа вака вели Господ: еве, Јас ќе се застапам за твоето дело и ќе отплатам за тебе, па ќе го пресушам морето негово и ќе ги исушам каналите негови. И Вавилон ќе стане купиште на урнатини, живеалиште на шакали, за ужас и за потсмев, без жители. Како лавови ќе завиваат сите тие и како мали лавчиња ќе 'ржат. А кога ќе се загреат, ќе им дадам гозба и ќе ги опијам, за да се развеселат, за да заспијат со вечен сон и да не се разбудат, вели Господ. Ќе ги потерам како јаганца на клање, како овни заедно со козли. Како се презеде Сесах, и беше победена славата на целата земја! Како стана Вавилон за ужас меѓу народите! Морето го проголта Вавилон; тој е сега покриен од брановите. Градовите негови станаа пустиња, сува земја, пустелија, земја каде што не живее ниту еден човек и каде што не поминува син човечки. И ќе го посетам Вил во Вавилон и ќе истргнам од устата негова сѐ што проголтал, и народите нема веќе да брзаат кон него, дури и ѕидовите вавилонски ќе паднат. Излези од него, народе Мој, и секој нека ја спасува душата своја од јаросниот гнев Господен. Нека не ослабува срцето ваше и не бојте се од гласот, што ќе се чуе по земјата; гласот ќе дојде во една година и потоа во друга година, и на земјата ќе се појави насилство, властодржец ќе стане против властодржец. Затоа, еве, идат денови, кога ќе ги посетам идолите на Вавилон и целата негова земја ќе се засрами и сите негови поразени ќе паднат во него. И ќе ликуваат над Вавилон небото и земјата и сѐ друго што е во нив; зашто од север ќе му дојдат сотирачите, вели Господ. Како што Вавилон направи да паднат на земја поразените Израилци, така во Вавилон ќе бидат соборени поразените по целата земја. Вие, кои се спасивте од меч, бегајте и не запирајте се, сетете се од далеку за Господа, и на срцето ваше нека ви дојде Ерусалим. Ни беше срам, кога ги чувме поругите; бесчестие ги покриваше лицата наши, кога туѓинци влегоа во светилиштето на домот Господен. Затоа, еве, идат дни, вели Господ, кога ќе ги посетам идолите негови, и по целата негова земја ќе офкаат ранетите. Кога би се дигнал Вавилон и до небесата и кога високо би си ја зацврстил тврдината своја, од Мене ќе му дојдат опустошителите, вели Господ. Екот и пискот ќе се подигнат од Вавилон, и рушење големо – од земјата Халдејска; зашто Господ ќе го опустоши Вавилон, и ќе стави крај на неговиот горделив глас. Ќе зашумат брановите кеко на големи води, ќе заечи неговиот шумен глас. Оти ќе дојде врз него, врз Вавилон, опустошителот и ќе бидат фатени војниците негови, ќе бидат скршени лаковите негови; бидејќи Господ, Бог на отплатата, ќе отплати. И ќе се опијат кнезовите негови и мудреците негови, неговите обласни началници и неговите градски управители, и војниците негови, па ќе заспијат со вечен сон и нема да се разбудат, вели Царот, Господ Саваот името е Негово. Така вели Господ Саваот: дебелите ѕидови вавилонски ќе бидат разрушени до темели, и портите негови високи ќе бидат изгорени со оган; па така, залудно се трудеа народите, и племињата се грижеа за огнот. Слово што пророк Јеремиј му го заповеда на Сераија, синот на Нирија, Масеев син, кога тој појде за Вавилон со Седекија, царот јудејски, во четвртата година од неговото царување; Сераија беше главен коморник. Јеремиј ги запиша во една книга сите зла, што требаше да го снајдат Вавилон, сите тие зборови, што беа напишани против Вавилон. И му рече Јеремија на Сераија: кога ќе влезеш во Вавилон, тогаш погледај и прочитај ги сите овие зборови, и кажи: Господи, Ти рече за ова место, дека ќе го уништиш така, што да не остане во него ни човек, ни добиток, туку ќе стане вечна пустиња. И кога ќе завршиш со читањето на оваа книга, врзи за неа камен, па фрли ја среде Ефрат, и кажи: така ќе потоне Вавилон и да не се подигне од оваа беда, која Јас ќе ја испратам врз него, и тие наполно нека папсаат. Седекија беше на двесет и една година, кога почна да царува, и царуваше во Ерусалим единаесет години; името на неговата мајка беше Хамутал, ќерка на Јеремија од Ливна. И тој вршеше зло пред очите на Господа, сето она што го изврши Јоаким; заради тоа гневот Господен се нафрли над Ерусалим и над Јуда, додека ги отфрли од лицето Свое. А Седекија се одметна од вавилонскиот цар. И во деветтата година од царувањето негово, во десеттиот месец, во десеттиот ден од месецот, дојде Навуходоносор, вавилонскиот цар, тој и сета негова војска против Ерусалим, го опседна и подигна околу него насипи. И остана градот опсаден до единаесеттата година на царот Седекија. Во четвртиот месец, во деветтиот ден од месецот, се засили гладот во градот, и народот во земјата немаше леб. Се направи пролом во градот и сите војници избегаа од градот ноќе низ портите, што се наоѓаа меѓу двата ѕида до царската градина, па отидоа по патот кон пустелијата; а Халдејците беа околу градот. Но халдејската војска изврши потера по царот, и го стигна Седекија во јерихонските рамнини, и сета војска негова се разбега од него. И го фатија царот и го доведоа пред вавилонскиот цар во Ривла, во земјата Емат, каде што му беше судено. И така ги закла вавилонскиот цар синовите на Седекија пред очите негови, ги закла и сите кнезови јудејски во Ривла; а на Седекија му ги извади очите и заповеда да го оковат во бакарни окови; па го одведе вавилонскиот цар во Вавилон и го стави во стражарницата до денот на неговата смрт. Во петтиот месец, во десеттиот ден од месецот, тоа беше деветнаесеттата година на вавилонскиот цар Навуходоносор, дојде во Ерусалим Навузардан, началникот на телохранителите, кој му служеше на царот вавилонски, и го запали домот Господен, царскиот дом и сите куќи во Ерусалим, и сите големи куќи со оган ги изгори. И сета војска халдејска, која беше со началникот на телохранителите, ги урна сите ѕидови околу Ерусалим. Навузардан, началникот на телохранителите, ги исели бедните и другиот народ, што беше останал во градот, и одметниците, што му се предадоа на вавилонскиот цар, и воопшто сиот прост народ. Само неколкумина од бедните во земјата Навузардан, началникот на телохранителите, ги остави како лозари и земјоделци. Халдејците ги испокршија и бакарните столбови, што беа во домот Господен, и подножјата, и бакарното море, кое беше во домот Господен, па го однесоа сиот бакар во Вавилон. И ги зедоа котлите, лопатките, ножевите, чашите, лажиците и сите бакарни садови што се употребуваа при богослужбата; началникот на телохранителите ги зеде и умивалниците и машичките и чашите и котлињата и кандилцата и кадилниците секачите, сѐ што беше од злато и што беше од сребро; исто така, и двата столба, едно море, дванаесет бакарни волови кои служеа како подножја, што царот Соломон ги направи во домот Господен; бакарот на сите тие предмети не можеше да се процени. Секој од тие столбови беше висок по осумнаесет лакти, а врв од дванаесет лакти ги опкружуваше, одвнатре беше шуплив, а страните му беа дебели четири прсти. И имаше над него бакарна глава, а главата беше висока пет лакти; и мрежичката на наровите наоколу беа сите од бакар; исто така беше и другиот столб со нарови. Наровите од сите страни беа деведесет и шест; а сите нарови околу мрежичката – сто. Началникот на телохранителите го зеде исто така Сераија, првосвештеникот, и Софонија, вториот свештеник, и трите чувари на прагот. А од градот зеде еден дворјанин, кој беше началник над војниците, и седум мажи, што му служеа на царот, кои се наоѓаа во градот, и главниот писар во војската, кој го запишуваше народот од земјата за војска, како и шеесет мажи, од народот во земјата, најдени во градот. И ги зеде Навузардан, началникот на телохранителите, и ги одведе при вавилонскиот цар во Ривла. И ги уби вавилонскито цар и ги погуби во Ривла, во земјата Емат; и така иселен беше Јуда од земјата своја. Еве го народот, кој Навуходоносор го исели: во седмата година – три илјади и дваесет и тројца Јудејци. Во осумнаесеттата година на Навуходоносора од Ерусалим беа иселени осумстотини триесет и две души; Во дваесет и третата година на Навуходоносора, Навузардан, началникот на телохранителите, иссели седумстотини четириесет и пет души Јудејци; сѐ на сѐ – четири илјади и шестотини души. Во триесет и седмата година по преселувањето на јудејскиот цар Јоаким, во дванаесеттиот месец, во дваесет и петтиот ден од месецот, Евилмеродах, цар вавилонски, во првата година од своето царување, го подигна јудејскиот цар Јоаким и го изведе од затвор. И откако пријателски си поразговараа, го постави престолот негов повисоко до престолите на другите цареви, што беа при него во Вавилон; и му ги смени затворските облеки, па тој секогаш со него јадеше во сите дни од животот свој. И трошоците негови, разните потреби, му се даваа од царот секој ден до денот на неговата смрт, во текот на сите денови од неговиот живот. Како сам остана градот, некогаш полн со народ! Стана како вдовица; некогаш голем меѓу народите; кнезот над областите сега плаќа данок. Горко плаче ноќе, а солзите му паѓаат по образите. Од сите оние што го сакаа, сега нема никој да го утеши; сите негови пријатели го извенерија и му станаа непријатели. Поради беда и ропство Јуда се пресели; се насели меѓу незнабошци, и не најде спокој; сите што го гонеа, го притеснија. Патиштата на Сион тагуваат, зашто нема кој да оди на празник сите негови порти запустеа; свештениците воздивнуваат, момите негови се нажалени, а и самиот е беден! Непријателите негови станаа глава; на противниците негови им е добро, бидејќи Господ испрати врз него тага поради неговите бројни беззаконија; децата негови отидоа во ропство пред непријателот. И отиде од ќерката Сионова сета нејзина слава; кнезовите нејзини се како елени, што не наоѓаат пасиште; обесилени, тие тргнаа пред терачот. Се присетува Ерусалим во деновите на својата беда и на своите страдања за сите свои убавини, што ги имаше во поранешните дни, а сега, пак, народот падна од непријателска рака, и нема кој да му помогне; непријателите гледаат на него и се смеат на неговите саботи. Тешко згреши Ерусалим, па затоа стана и одвратен; сите што го почитуваа, сега го гледаат со презир, оти ја видоа голотијата негова; и тој самиот воздивнува и го свртува лицето назад. Нечистотија имаше по полите негови, но тој не помислуваше за својата иднина, па заради тоа многу се понизи и падна, па нема сега кој да го утеши. »Погледај, Господи, на мојата мака, зашто непријателот се возгордеа!« Непријателот пружи рака над сѐ што му беше најдраго; и тој гледа како незнабошците вегуваат во неговото светилиште, за кое си заповедал да не влегуваат во Твојот храм. Сиот негов народ воздивнува, барајќи леб, ги дава своите скапцени работи за храна – душата да ја поткрепи. »Погледај, Господи, и види колку сум презрен!« Нека не ве снајде ова сите вас, кои врвите по патот. Погледајте и видете – има ли болка каква што е мојата болка, која ме постигна, каква што Господ ја испрати врз мене во денот на Својот пламенен гнев? Он испрати оган одозгора во коските мои, и огнот ги опфати; распосла мрежа за нозете мои, ме кутна ничкум, ме направи беден и да тагувам секој ден. Јаремот на беззаконијата мои го стегна со раката Своја; тие се испреплеткани и ми се искачија на вратот; Он ја ослаби силата моја; Господ ме предаде во раце, од кои не можам да се подигнам. Сите јунаци од мојата средина Господ ги собори; свика против мене собрание за да ги истреби младичите мои, како во каца ја изгази Господ девојката, ќерката Јудина. Заради тоа јас плачам: окото мое, окото мое солзи лие, зашто далеку е од мене утешителот, кој би ја оживеал душата моја; синовите мои пропаднаа, бидејќи непријателот ги надвладеа. Сион ги протега рацете, но за него нема утешител. Господ заповеда за Јакова, па го опколија непријатели; Ерусалим стана нечистотија меѓу нив. Праведен е Господ, зошто не му се покорував на словото Негово. Чујте, сите народи, и погледнете ја мојата болка; момоите мои и момчињата мои отидоа во ропство. Ги повикувам пријателите свои, но тие ме измамија; свештениците мои и старешините мои умираат во градот, барајќи храна за да ја поткрепат душата своја. Погледај, Господи, оти сум притеснет, утробата моја се буни, срцето ми се превртува, бидејќи жестоко се противев на Тебе; однадвор меч ме остави без чеда, а дома – смрт. Слушаат како офкам, а утешител немам; за мојата неволја чуја сите мои непријатели и се зарадуваа, бидејќи Ти го направи тоа; о, да беше му заповедал на претскажаниот ден да дојде, па и тие да станат како мене. Нека се појави пред Тебе сета злоба нивна; и постапи со нив како што постапи со мене за сите мои гревови, оти тешки се офкањата мои, и срцето мое малаксува. Како ја помрачи Господ во гневот Свој ќерката Сионова! Од небесата ја симна славата Израилева и не се потсети за подножјето на нозете Свои во денот на Својот гнев. Господ ги сотре сите живеалишта на Јакова, не ги поштеди; ги разруши во јароста Своја сите тврдини на ќерката Јудина, ги кутна на земја, ги отфрли царството негово и кнезовите негови, како нечисти. Во жестокиот гнев Свој ги скрши сите рогови Израилеви, ја повлече десницата Своја од непријателот и се разгори против Јакова како огнен пламен, кој проголтува сѐ наоколу; го затегна лакот Свој како непријател, ја управи десницата Своја како непријател и уби сѐ што е мило за очите; врз скинијата на ќерката Сионова ја излеа како оган јароста Своја. Господ стана како непријател, го истреби Израилот, му ги разори сите домови негови, ги разруши тврдините негови и умножи при ќерката Јудина тага и плач. И ја сруши оградата Своја како од градина; го разори местото Свое во собранието, Господ направи на Сион да се забораваат поразниците и саботите; и во Своето гневно негодување отфрли и цар и свештеник. Го отфрли Господ жртвеникот Свој, го одврати срцето Свое од светилиштето Свое, ги предаде на непријателите ѕидовите на дворците нивни; во домот Господен тие се развикаа како во празничен ден. Господ реши да ја разруши карпата на ќерката Сионова, оптегна јаже, не ја одврати раката Своја од разрушувањето; ги сосипа надворешните тврдини, и ѕидовите беа заедно со нив разрушени. Портите нејзини во земја потонаа; Он ги разруши и ги уништи резињата нивни; царот нејзин и кнезовите нејзини се меѓу незнабошците; нема веќе закон, и пророците нејзини веќе не се удостојуваат со виденија од Господа. Старешините на ќерката Сионова седат на земи и молчат, си ги посипуваат со пепел главите свои, се препашуваат со вреќиште; ги наведнале главите кон земјата девојките ерусалимски. Ми се истрошија од солзи очите мои, утробата ми се превртува, срцето ми се кине, зашто гине ќерката на мојот народ, кога децата и цицалчињата умираат од глад по плоштадите на Ерусалим. Умирајќи како ранети по градските улици, тие им велат на мајките свои: »каде има жито и вино?« и ги испуштаат душите свои во мајчините прегратки. Што да ти кажам и со што да те споредам, ќерко ерусалимска? Што да ти направам, за да те утешам, девојко, ќерко Сионова? Зашто раната твоја е како море голема; кој може да те исцели? Пророците твои ти кажуваат работи неостварливи и лажни, не ги откриваа твоето беззаконие, за да те одвратат од твоето ропство, и искажуваа лажни откровенија, кои те доведоа до прогонство. Раце плескаат за тебе сите што минуваат по пат, си потсвирнуваат и си ги нишаат главите за ќерката ерусалимска, па велат: »Ова е градот, што го нарекуваа совршенство на убавината, радост на целата земја?« Ги отвориле устите на тебе сите непријатели твои, си потсвирнуваат и си крцкаат со забите свои, велејќи: »Го проголтавме, та само овој и ден го чекавме ние, го дочекавме и го видовме!« Господ го изврши она, што беше определил, го исполни зборот Свој, изречен во поранешните времиња, безмилосно го разори и го предаде на непријателот, за да се порадува над тебе, го крена високо рогот на твоите непријатели. Срцето нивно повикува кон Господа. Карпо на ќерката Сионова! Лиј солзи дење и ноќе, не давај си мир, не затворај ги зениците на очите свои! Станувај, викај ноќе при почетокот на секоја стража; изливај го како вода срцето свое пред лицето на Господа; протегај ги кон Него рацете свои за душата на децата свои, кои умираат од глад по аглите на сите улици. »Погледај, Господи, и види: кому си му направил вака – жените да го јадат плодот свој, младенците, од нив отхранети? Во светилиштето Господово да биваат убивани свешеник и пророк? Децата и старците лежат на земи по улиците; момите и момците мои паднаа од меч; Ти ги убиваше во денот на Твојот гнев, колеше безмилосно.« Како на празник ги повика сите мои ужаси, и во денот на гневот Господен никој не се спаси, никој не побегна; оние, што бев ги отхранила и одгледала, непријателот ми ги истреби. Јас сум човек, кој видов мака од жезалот на Неговиот гнев; Он ме поведе и воведе во темнина, а не во светлина. Оне се обрна само против мене и цел ден ме биеше со раката Своја; го сплеска телото мое и кожата моја, ги здроби коските мои; ме загради и ме опколи со горчила и маки; ме постави во темно место, како одамна умрените; ме огради со ѕид, за да не изгегувам, ми направи тешки вериги; и, кога викав и пискав, ја задржуваше молитвата моја; со камења ги прегради патиштата мои, ги искриви патеките мои. Он стана за мене како мечка во заседа, како лав на скришно место; ги искриви патиштата мои и ме раскина, ме уништи; го затегна лакот Свој и ме постави како цел за стрела; ги прострела бубрезите мои со стрели од торбата Своја. Станав потсмев за сиот народ мој, негова секојдневна песна. Ме презасити со горчила, со пелин ме напои; со камен ми ги скрши забите мои, со пепел ме покри. Избега мирот од душата моја; заборавив за добри работи и реков: ја снема силата моја и надежта моја од Господа. Помисли на моето страдање и на мојата мака, за пелинот и за жолчката. Душата моја силно се сеќава на тоа и отпаѓа во мене. Еве што му одговорив на срцето мое и поради тоа имам надеж: по милоста на Господа не загинавме наполно, бидејќи милосрдието Негово не е пресекнато; тоа се обновува секое утро; верноста Негова е голема! Гсопод е дел мој, ми вели душата, па така на Него ќе се надевам. Добар е Господ кон оние, кои се надеваат на Него, кон душата, која Го бара. Добро му е на оној, кој треперливо го очекува спасението од Господа. Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја. Сам ќе седи и ќе молчи, бидејќи Господ му го ставил бремето на него. Нека ја допре устата своја до земјата, можеби уште има надеж. Го подава образот свој на оној, кој бие, да трпи навреди до презастување, бидејќи Господ не отфрла за навек. Пратил ли неволја, Он и ќе се смилува според Својата голема милост. Зашто Он не по волјата на Своето срце ги казнува и ги огорчува синовите човечки. Но, кога ги газат со нозете сите затвореници на земјата, кога неправедно го осудуваат човека пред лицето на Севишниот, кога го притеснуваат човека во неговата работа: зар Господ не гледа? Кој вели – »бива и она што Господ не заповедал да биде?« Зар не доаѓаат и злото и доброто од устата на Господа? На што се жалат живите луѓе? Секој за гревовите свои? Да ги испитаме и да ги истражиме патиштата свои и да се обрнеме кон Господа. Нека го подигнеме срцето свое и рацете свои кон Бога, Кој е на небесата. Ние згрешивме и се противевме, Ти не нѐ поштеди. Ти се облече со гнев и нѐ прогони, нѐ умртвуваше, и не нѐ жалеше; Ти се сокри во облак, за да не достигне молитвата наша; смет и гнасотија нѐ направи меѓу народите. Ги отворија против нас устите широко сите наши непријатели. Ужас и јама, пустош и разорение – тоа е делот наш. Потоци солзи лее окото мое за погибелта на ќерката од мојот народ. Окото ми се прелива и не престанува, бидејќи нема одмор сѐ додека Господ не погледне милостиво и види од небесата. Окото мое е причина да страда душата моја заради сите ќерки на мојот град. Постојано се силат непријателите мои да ме уловат како птичка, без никаква причина. Го фрлија во јама животот мој и ме засипаа со камења. Водата се подигна над главата моја; па си реков – »загинав.« Го призвав името Твое, Господи, од јамата длабока. Ти го чу гласот мој; не прикривај го увото Свое од мојата воздишка и од мојот плач! Ти се приближуваше, кога ќе повикав кон Тебе, и велеше – не бој се! Ти го заштитуваше, Господи, делото на мојата душа; го откупуваше мојот живот. Ти го гледаш, Господи, моето притеснување; пресуди го делото мое. Ти ја гледаш сета одмазда нивна, сите намери нивни против мене. Ти ги слушаш, Господи, навредите нивни, сите намери нивни против мене, зборовите на оние, што стануваат против мене, и лукавствата нивни против мене секој ден. Погледај, седнат ли, станат ли, јас сум песна за нив. Отплати им, Господи, според делата на рацете нивни; прати им помрачение на срцето нивно и проклетсвото Твое врз нив; гони ги, Господи, со гнев и истреби ги од поднебјето! Како потемна златото, како се измени најчистото злато! Камењата од светилиштето се расфрлени по сите крстопати. Синовите на Сион, некогаш ценети како најчисто злато, а сега ги ценат како земјани садови, дела на грнчарски раце! Дури и ѕверовите подаваат града и ги хранат рожбите свои, а ќерката на мојот народ стана жестока како ној во пустиња; јазикот на цицалчето се прилепува до непцето поради жед; децата бараат леб, но никој не им подава. Оние, што јадеа слатки, гинат по улиците; одгледаните во скерлет, се валкаат во смет. Казната за бесчестието на ќерката на мојот народ ја надминува казната на Содом; тој беше срамнет за миг, и раце човечки не се допреа до него. Кнезовите ѝ беа почисти од снег, побели од млеко; тие беа телесно поубави од корал, изгледот им беше како сафир; а сега лицето им е потемно од сѐ што е црно; не ги узнаваат ни улиците; кожата им се прилепила за коските, па станала сува како дрво. Убиваните со меч се почестите од оние, што глад ги убива, зашто тие чезнеат поради недостиг од полски плодови. Дури и жалостивите жени ги вареа со рацете децата свои, за да им бидат храна, кога гинеше ќерката на мојот народ. Господ го исполнуваше Својот гнев, ја излеа јароста од гневот Свој, и на Сион запали оган, кој ги проголта основите негови. Царевите земни и сите жители по вселената не веруваа, дека противникот и непријателот влегол во портите ерусалимски. Сето тоа е поради гревовите на лажните пророци, поради беззаконијата на свештениците негови, кои меѓу него проливаа крв на праведници; скитаа по улиците како слепи, се осквернуваа со крв, така што не беше можно човек да се допре до одеждите нивни. »Отстранете се, нечисти!« им викаа; »отстранете се, отстранете се, не допирајте се!« и тие се отстрануваа посрамени; а меѓу народот се зборуваше: »нив ќе ги нема веќе!« Лицето на Господа ги расеа; Он нема веќе милостиво да ги погледне, бидејќи тие не го почитуваа лицето на свештениците, кон старците милост немаат. Очите ни се веќе истрошени, очекувајќи залудо помош; од нашата стражарска кула чекавме народ, кој не можеше да нѐ спаси. А тие демнеа на стапките наши, за да не можеме да одиме по улиците наши; нашиот крај наближува, деновите наши се исполнија; крајот ни дојде. Оние, што нѐ гонеа, беа побрзи од орлите небески; по горите нѐ гонеа, ни поставуваа заседи по пустињите. Духот на нашиот живот, помазаникот Господен, уловен е во нивните јами; оној, за кого велевме – под сенката негова ќе живееме меѓу народите. Радувај се и весели се, ќерко Едомова, жителко на земјата Уц! И до тебе ќе дојде чашата: ќе се опиеш и ќе се разголиш. Ќерко Сионова, казната за твоето беззаконие се сврши; Он нема повеќе да те гони; но беззаконието твое, ќерко Едомова, Он ќе го казни и ќе ти ги разоткрие гревовите твои. Спомни си, Господи, што нѐ снајде; милостиво погледај и види ја поругата наша! Наследството наше мина на туѓинци, куќите наши – на луѓе од други племиња; останавме сираци, без татко; мајките наши се како вдовици. водата своја ја пиеме за сребро, дрвата наши ги купуваме со пари. На вратот имаме јарем, и нѐ гонат; исцрпени сме и не ни даваат да здивнеме. Протегаме рака кон Египтјаните, кој Асирците, за да се нахраниме со леб. Татковците наши грешеа: нив ги нема веќе, а ние трпиме казна за нивното беззаконие. Робовите ни се господари, а нема кој да нѐ избави од рацете нивни. Лебот го добиваме со страв – пред мечот во пустињата. Кожата ни поцрнела како печка од лут глад. Жените ни ги бесчестат на Сион, девојките – во градовите јудејски. Кнезовите ги изобесија со свои раце, лицата на старците не ги почитуваа. Младичите носеа рачници, а децата паѓаа под товари дрва. Старците веќе не седат пред портите; младичите не пеат. Се сврши радоста на срцето наше; нашите ора се претворија во тага. Падна венецот од нашата глава; тешко нам, што згрешивме! Поради тоа и чезнее срцето наше; поради тоа и потемнеа очите наши. Бидејќи запусте гората Сион, лисици одат по неа. Ти, Господи, остануваш вечно; престолот Твој е од род во род. Зошто наполно нѐ забораваш, нѐ оставаш долго време? Обрни нѐ кон Себе, Господи, и ние ќе се обрнеме; обнови ги деновите наши како во старо време. Зар наполно си нѐ отфрлил, зар без мерка си се разгневил на нас? Во триесеттата година, четвртиот месец, петтиот ден од месецот, кога бев меѓу преселените при реката Ховар, се отворија небесата – и јас видов Божји виденија. Во петтиот ден од месецот, а тоа е петтата година, откако беше заробен царот Јоаким, би слово Господово до свештеникот Језекиила, синот Вузиев, во земјата Халдејска при реката Ховар; и беше таму раката Господова врз него. И видов: ете, бурен ветар доаѓаше од север и голем облак во него, а околу оган сјаеше; среде него светлина од злато и сребро; во средината негова, пак, видов призраци на четири животни – по обликот свој слични на човек; секое од нив имаше по четири лица, и секое од нив – по четири крилја; а нозете нивни – прави нозе, со перја, а стапалата нивни како телешки копита, и болскаа како сјаен бакар; крилјата, пак, нивни беа лесни. А под крилјата нивни имаа човечки раце – на сите четири страни. Четирите животни имаа свои лица и крилја, крилјата нивни се допираа едно до друго, а кога одеа, тие не се свртуваа, туку врвеа секое во правец на лицето свое. Обликот на лицето нивно им беше како лице човечкио и лице лавовско од десната страна кај сите четири; а, пак, од левата страна – лице телешко при сите четири, и лице орловско кај сите четири животни. И лицата нивни и крилјата нивни одозгора им без разделени, но при секое двете крилја се допираа едно до друго, а двете им ги покриваа телата нивни. И одеа тие, секое во правец на лицето свое; на каде што духот сакаше да оди, натаму и одеа тие; и кога одеа, не се свртуваа. Тие животни личеа на разгорени јаглени, на ламбади; огнот се движеше меѓу животните, и огнена светлина и светкавица излегуваше од огнот. Животните се движеа брзо натаму и наваму, како болскава молскавица. И кога ги гледав животните, ете, на земјата до тие животни имаше по едно тркало спрема четирите лица нивни. Тркалата и обликот нивни изгледаше нешто слично на топаз, и сите четири си личеа едно на друго; и по изгледот и по обликот тие беа како тркало во тркало. А кога одеа, се движеа во своите четири правци; кога се движеа не се свртуваа. А наплатите нивни беа високи и страшни; наплатите кај сите четири наоколу беа полни со очи. И кога одеа животните, се движеа и тркалата до нив; и кога животните се подигаа од земјата, се подигаа и тркалата. Каде што духот сакаше да оди, натаму одеа и тие; накаде што духот ќе тргнеше, и тркалата се подигнуваа подеднакво со нив, бидејќи духот на животните беше во тркалата. Кога одеа животните, одеа и тркалата; и кога стоеја животните, стоеја и тркалата; и кога оние се подигаа од земјата, се подигаа еднакво и тркалата, зашто духот на животните беше во тркалата. Над главите од животните имаше нешто слично на свод небески, како проѕирен кристал издигнат одозгора над нивните крилја. А под сводот се наоѓаа раширени крилјата нивни, свртени едно спроти друго, додека другите две им ги покриваа телата нивни. А кога летаа, слушав шум од крилјата нивни, нешто како шум од многу води, како глас од Сесилниот Бог, силен шум; а кога одеа – како шум од воен логор, кога, пак, застануваа, ги спуштаа крилјата свои. И од сводот над главите нивни се слушаше шум; и кога запираа, ги спуштаа крилјата свои. Над сводот над главите, пак, имаше нешто слично на престол, како да беше од каменот сапфир; а на престолот – одозгора нешто слично на човек. И видов потоа нешто како светнато злато и сребро, а внатре во него наоколу оган – од бедрата угоре; а од бедрата удолу – видов слично на оган, околу кого имаше светлина. Како што изгледа виножитото во облаци, во дождовен ден, таква беше таа светлина наоколу. Такво беше видението на сјајот од подобието на славата Господова. Кога го видов тоа, паднав ничкум и го чув гласот на Оној, Кој ми зборуваше, и Он ми рече: »Сине човечки, стани на нозе, и Јас ќе говорам со тебе.« И влезе во мене Дух, ме зеде и ме подигна и ме исправи на нозете мои, и Го чув Оној, Кој ми говореше. Тогаш Он ми рече: »Сине човечки, Јас те праќам при Израилевите синови, при непокорни луѓе, кои се побунија против Мене; тие и татковците нивни Ме изневеруваа Мене дури до денешниов ден. Тие се синови со огрубено лице и со жестоко срце; при нив те праќам и ти ќе им кажеш – вака вели Господ Бог. Дали ќе те послушаат или нема да те послушаат, бидејќи тие се дом отстапнички – но нека знаат дека меѓу нив имало пророк. А ти, сине човечки, не бој се од нив и не плаши се од нивните зборови, зашто ќе се разбеснат и ќе те навредуваат од сите страни; меѓу нив ќе живееш – како меѓу трње и скорпии; не бој се од лицата нивни, зашто тие се дом отстапнички; и кажувај им ги зборовите Мои – па слушале тие или не, бидејќи се тие непокорни. А ти, сине човечки, чуј што ќе ти кажам: не биди како тој отстапнички дом; отвори ја устата и изеди го она што ќе ти го дадам.« И видов, ете, протегната рака спрема мене, и во неа – книжен свиток. И Он ги разви пред мене, а свитокот беше напишан одвнатре и однадвор, и на него беше напишано: плач, жалост и офкање. И ми рече: »Сине човечки, изеди го тоа што е пред тебе, изеди го овој свиток, па оди и зборувај му на Израилот.« Тогаш ја отворив устата и Он ми го даде свитокот за да го изедам. Потоа ми рече: »Сине човечки: устата твоја ќе го изеде овој свиток и утробата твоја ќе се насити со овој свиток, што ти го давам Јас.« И јас го изедов, а во устата почувствував сладост како мед. И пак ми рече: »Сине човечки, стани и појди во домот Израилев и кажи им ги Моиве зборови, оти те праќам не кај народ непознат и со неразбирлив јазик, туку во домот Израилев, не кај народ со неразбран збор и непоимлив јазик, чии зборови не можеш да ги разбереш; но дури и при нив да бев те пратил, и тие ќе те разбереа; а домот Израилев не ќе сака да те слуша, тие не сакаат Мене да ме слушаат, бидејќи сиот дом Израилев е тврдоглав и со жестоко срце. И, ете, Јас го направив и твоето лице тврдо како нивните лица, и твоето чело ќе го стврднам против нив. Челото твое го направив како дијамант, кој е потврд од каменот; не бој се од нив и не плаши се од нивното лице, оти тие се дом отстапнички.« И ми рече: »Сине човечки, сите зборови Мои што ти ги кажувам, прими ги во срцето свое и слушај ги со ушите свои; стани, па оди при изгонетите, при синовите на твојот народ, зборувај им и кажи им – вака вели Господ Бог – па послушале тие, или не.« И Духот ме подигна; а зад себе чув голем грмотевичен глас: – »Благословена е славата на Господа од местото Негово!« А слушнав и шум од крилјата на оние животни, што се допираа едно до друго, како и шум од тркалата од нив, а и звук од силен гром. Тогаш Духот ме подигна и ме понесе. И појдов огорчен, со нажален дух; но крепката рака Господова беше над мене. И дојдов при робовите во Тел – Авив, при оние кои живееја при реката Ховар, и се задржав таму и поминав при нив седум дена, чудејќи се. А кога заминаа седумте дена, дојде до мене слово Господово: »Сине човечки, Јас те поставив како стража над домот Израилев, и ти ќе го слушаш словото од устата Моја, и ќе ги вразумуваш од името Мое. Кога ќе му речам на беззаконикот: ‚Бездруго ќе умреш!‘, а ти не го вразумиш и не зборуваш, за да го запазиш беззаконикот од неговиот грешен пат, за да биде жив, – тогаш тој беззаконик ќе умре во беззаконието свое, но крвта негова Јас ќе ја барам од рацете твои. А, ако го опоменеш беззаконикот и тој не се откаже од беззаконието свое и од грешниот свој пат, беззаконикот ќе умре во беззаконието свое, а ти ќе си ја спасиш душата своја. И, ако праведник отстапи од правдата своја и постапи грешнички, кога Јас ќе му ставам сопка, и умре, ако не си го предупредил, тој ќе умре поради гревот свој, и нема да му се примаат парведните дела, што ги направил; но крвта негова ќе ја барам од твоите раце. Ако го опоменеш праведникот, за да не згреши, и тој не згреши, тогаш и тој ќе биде жив, затоа што си го предупредил и ти ќе си ја спасиш душата своја.« И беше таму врз мене пак раката Господова, и Он ми рече: »Стани и излези во полето; Јас ќе зборувам таму со тебе.« Станав, и излегов во полето, и ете, таму беше славата Господова, како славата, што ја видов при реката Ховар; и паднав ничкум. И влезе во мене Духот и ме исправи на нозе, и Он говореше со мене и ми рече: »Оди и затвори се во домот твој. Сине човечки, ете, ќе ти стават вериги, и ќе те врзат во нив, и не ќе можеш да излегуваш меѓу нив. А јас ќе ти го залепам јазикот твој за непцето, и ти ќе онемееш, и не ќе можеш да ги изобличуваш, зашто тие се дом отстапнички. А кога Јас ќе зборувам со тебе, тогаш ќе ти ја отворам устата твоја и ти ќе им зборуваш: вака вели Господ Бог! Кој сака да слуша, нека слуша; а кој не сака да слуша – нека не слуша; оти тие се дом отстапнички.« »А ти, сине човечки, земи една тула и стави ја пред себе и нацртај го на неа Ерусалим; и постави опсада околу него, направи тврдина спрема него, направи и насипи околу него, постави логор против него и нареди наоколу спроти него машини за уривање ѕидови. Потоа земи железна плоча и постави ја како железен ѕид меѓу себе и градот, па сврти го лицето свое спроти градот и тој ќе биде опседнат, опседнувај го ти. И тоа ќе биде знак за домот Израилев. Ти, пак, легни на својата лева страна и стави го врз неа беззаконието на домот Израилев; според бројот на деновите, – сто и педесет – во кои ќе лежиш врз неа, толку ќе го носиш беззаконието нивно. А Јас ти ги определив годините на беззаконието нивно според бројот на деновите; триста и деведесет денови ќе го носиш беззаконието на домот Израилев. И кога ќе ги исполниш, повторно легни, но сега на својата десна страна и четириесет денови носи го беззаконието на домот Јудин, ден за година, ден за година ти определив. Па сврти го лицето свое и мишката на својата десна страна кон опсадениот Ерусалим, и пророкувај против него. Ете, Јас поставив врз тебе окови, и ти не ќе можеш да се свртиш од едната страна на другата, додека не ги исполниш деновите на твојата опсада. Земи си пченица и јачмен, боб и леќа, просо и 'рж, и сипи ги во еден сад и направи си од нив лебови, според бројот на деновите, кога ќе лежиш на страната своја, триста и деведесет денови ќе ги јадеш. И јадењата, со кои ќе се храниш, јади ги со мерка, по дваесет сикли на ден; одвреме навреме јади го тоа. И вода пиј со мерка, по шестина од ин; одвреме навреме пиј. А ќе ги јадеш јачмените питки и печи ги пред нивните очи на човечко ѓубре.« И рече Господ: »Израилевите синови така ќе јадат нечист леб меѓу оние народи, кај кои ќе ги прогонам.« Тогаш реков: »О, Господи Боже, душата моја никогаш не се осквернила и од младини па сѐ досега никогаш не сум јал мрша и раскинато од ѕвер; и никакво нечисто месо не влегло во устата моја.« И ми рече Он: »Ти дозволувам место човечко ѓубре, земи говедско ѓубре, и на него печи го лебот свој.« И пак ми рече: »Сине човечки, еве во Ерусалим Јас ќе ја скршам лебната потпора, и ќе јадат леб со мерка и во жалост, и вода ќе пијат со мерка и во тага, зашто при нив ќе снема леб и вода, и тие со ужас ќе се гледаат еден со друг и ќе умрираат во беззаконието свое.« »А ти, сине човечки, земи си остар нож, како берберски брич, па мини го преку главата своја и брадата, и земи мерила, и раздели ја косата на делови. Третиот дел изгори го на оган среде градот, кога ќе се завршат деновите на опсадата; вториот дел земи го и исечи го со нож по околината негова; а третата третина развеј ја на ветар; Јас, пак, ќе го извлечам мечот по нив. И земи од тоа, па врзи го тоа во полите од својата облека. Но од тоа земи пак малку и фрли го во оган, и изгори го во огнот. Оттаму ќе излезе оган врз целиот дом Израилев. Така вели Господ Бог: тоа е Ерусалим. Јас го поставив среде народи, и го опкружив со земји. А тој стана против наредбите Мои понечесно од незнабошците, и против Моите повелби – полошо отколку земјите околу него; зашто тие ги отфрлија наредбите Мои и не постапуваат според повелбите Мои.« Затоа вака вели Господ Бог: »Бидејќи вие ги намноживте гревовите свои повеќе од незнабошците, кои се околу вас, по Моите уредби не одите и наредбите Мои не ги извршувате, и не одите дури ни според уредбите на незнабошците, кои се околу вас.« Затоа, вака вели Господ Бог: »Ете, и Јас сум против тебе, јас Самиот, и ќе извршам среде тебе суд пред очите на незнабошците. Па поради сите твои одвратности, ќе ти направам тебе, како што никогаш не сум направил, а нема и во иднина да направам. Затоа татковците ќе ги јадат синовите свои среде тебе, а и синовите ќе ги јадат татковците свои; и ќе извршам над тебе суд, и сиот твој остаток ќе го развејам по сите ветрови. Затоа, жив сум Јас, вели Господ Бог: бидејќи ти го оскверни Моето светилиште со сите твои одвратности и со сите твои гадотии, Јас ќе те смалам, и Моето око нема веќе да те пожали, и Јас нема да се смилувам над тебе. Третиот дел од тебе, од помор ќе изумре и од глад ќе загине среде тебе; втората третина од меч ќе падне во твојата околина; а третината ќе ја развеам по сите ветрови, и ќе го извлечам мечот по нив. Така ќе се исполни Мојот гнев, и ќе ја смирам Својата јарост над нив, и ќе се задоволам; и кога ќе се излее јароста Моја врз нив, тогаш ќе разберат дека Јас, Господ, сум им зборувал во ревноста Своја. Ќе те претворам во пустиња и за поруга меѓу народите, кои се околу тебе, пред очите на секој минувач. Ќе бидеш за потсмев и за поруга, за срам и ужас кај народите што се околу тебе, кога ќе го извршам над тебе судот во гнев и јарост, и преку јаросни порази – Јас Господ го говорев тоа, И кога ќе пратам врз нив лути стрели на глад, што ќе истребуваат, кога ќе ги пратам за ваша погибел и за засилување на гладот при вас, и ќе ја уништам лебната поткрепа кај вас. А ќе пратам врз тебе глад и лути ѕверови, кои ќе те лишат од децата; и помор и крв ќе мине преку тебе, ќе испратам меч врз тебе; Јас, Господ го кажав ова.« И би слово Господово до мене: »Сине човечки, сврти го лицето свое кон горите Израилеви и пророкувај против нив, и кажи – планини Израилеви, чујте го словото на Господа Бога. Вака им вели Господ Бог на горите и на ридовите, на долините и на долиштата: ‚Еве, Јас ќе испратам меч врз вас, и ќе ги кутнам вашите идолски светилишта; и жртвениците ќе ви бидат опустошени, и столбовите во чест на сонцето ќе бидат искршени, и вашите убиени ќе ги фрлам пред вашите идоли; ќе ги поставам труповите на синовите Израилеви пред нивните идоли, и ќе ги расфрлам коските ваши околу вашите жртвеници. Насекаде, каде што живеете, градовите ќе ви бидат опустошени и идолските светилишта разурнати, за да бидат опустошени и уништени вашите жртвеници, за да бидат разбиени и уништени вашите идоли и искршени вашите сончеви столбови, и да ги снема делата од вашите раце. Меѓу вас ќе има убиени, и ќе узнаете дека Јас сум Господ. Но Јас ќе го запазам остатокот, така што меѓу народите ќе останат од вас што избегнале меч, кога ќе бидете расеани по земјите. И спасените ваши ќе се сетат за Мене меѓу народите каде што ќе бидат одведени во ропство, кога ќе им го скршам блудното срце, кое се одметна од Мене, и очите нивни, што блудствуваа меѓу идолите; тогаш тие ќе почувствуваат одвратност спрема себеси за злото што го вршеле во сите градови свои; и ќе разберат дека Јас сум Господ; и дека не залудо зборував, оти врз нив ќе испратам таква беда.‘« Вака вели Господ Бог: »Плесни со рацете свои, тропни со ногата своја – тешко за сите поради одвратните злодејанија на домот Израилев; ќе паднат тие од меч, глад и помор. Кој е далеку, ќе умре од помор, а кој е близу – ќе падне од меч; а оној што ќе остане и избегне, од глад ќе умре; така ќе заврши гневот Мој врз нив. Ќе разберат, дека Јас сум Господ, кога поразените ќе лежат меѓу своите идоли околу жртвениците нивни, на секој висок рид, на секој планински врв, под секое зелено дрво и под секој разгренет даб, таму каде што им принесуваа багопријатни кадива на своите идоли. И ќе ја протегнам врз нив раката Своја и ќе ја направам земјата пустиња и степа повеќе од пустињата Дивлат, насекаде, каде што живеат, и ќе познаат, дека Јас сум Господ.« И би слово Господово до мене: »Ти, сине човечки, кажи – така вели Господ Бог – свршеток на земјата Израилева; дојде свршетокот на сите четири краишта земни. Ете, дојде свршетокот за тебе; и ќе го пратам врз тебе гневот Свој, и ќе ти судам според патиштата твои, и ќе ги натоварам врз тебе сите гадотии. И окото Мое нема да те зажали и нема да се смилувам, но ќе ти платам според твоите патишта, гадотиите твои ќе бидат со тебе и ќе разберете дека Јас сум Господ. Така вели Господ Бог: беда единствена, ете иде бедата. Свршетокот дојде, дојде свршетокот, се крена против тебе: ете дојде. Дојде напаста до тебе, жителу на овој крај, иде време, се приближува денот на смутот, а не на весели повици по планините. Ете, наскоро ќе ја излеам врз тебе јароста Своја и ќе го завршам гневот Свој врз тебе, ќе ти судам според твоите патишта и ќе ги натоварам врз тебе сите твои гадотии. И окото Мое нема да те пожали, и нема да се смилува. Според твоите патишта ќе ти отплатам, и твоите гадотии ќе бидат со тебе; и ќе узнаете, дека Јас сум Господ, Кој казнува. Ете го денот, еве дојде, настапи напаста, процути жезалот, гордоста пупи. Силата станува против жезалот на беззаконието: ништо нема да остане од нив, – ни од богатството нивно, ниту од шумата нивна, ниту, пак, од раскошот нивни. Дојде времето, настапува денот: купувачу, не радувај се, продавачу не плачи, зашто гневот е врз нив сите. Оти, кој продал, нема да се врати при продаденото, макар да останал жив; бидејќи пророчкото видение за целото нивно множество нема да се одмени, и никој со беззаконието свое нма да го зацврсти животот свој. Трубат со трубата и сѐ се готви, но никој не оди во војна; оти Мојот гнев е врз сето нивно множество. Надвор од куќата – меч, а во куќата – помор и глад. Кој се наоѓа во полето, од меч ќе умре, а кој е во градот, него гладот и поморот ќе го проголта. А спасените од тоа ќе избегаат и ќе бидат во планините како гулаби од долина; сите тие ќе стенкаат, секој за своето беззаконие. На сите рацете ќе им опаднат, и на сите колената ќе им затреперат како вода. Тогаш ќе се опашат во вреќишта и трепет ќе ги опфати; и лицето на сите ќе ги покрие срам и на главите – нивни ќе има ќелавост. Среброто ќе си го исфрлаат по улици и златото нема да го почитуваат. Среброто нивно и златото нивно нема да биде во сила да ги спаси во денот на Господовата јарост. Тие нема да ги наситат со нив душите свои, и нема да ги наполнат утробите свои бидејќи тоа беше причина за нивниот грев. И со убавиот накит свој тие се гордееја и правеа уметнички творби за гадотиите свои со идоли; затоа ќе го направам нечисто за нив. И ќе го дадам како плен во рацете на туѓинци и на грешници земни, за да го разграбаат, и тие ќе се осквернат. И ќе го одвратам од нив лицето Свое и ќе го осквернат Моето сокриено место; и ќе влезат таму грабители и ќе го осквернат. Проготвив вериги, оти таа земја е полна со крвави злодејства, и градот е полн со насилие. Јас ќе доведам најлоши народи и тие ќе ги завладеат домовите нивни. И ќе ставам крај на гордоста кај силните, и ќе бидат осквернети и светињите нивни. Иде погибелта; ќе бараат мир и нема да го најдат. Беда ќе следува по беда и вест по вест; и ќе бараат од пророкот видение и нема да има наука кај свештениците и совет кај старците. Царот ќе тажи, и кнезот ќе се облече во ужас, и рацете на народот во земјата ќе треперат. Ќе постапам со нив според нивните патишта, според нивниот суд ќе ги судам; и ќе узнаат, дека Јас сум Господ.« Во шестата година, во шестиот месец, на петтиот ден од месецот, седев дома, и старешините јудејски седеа пред Мене, и се спушти таму врз мене раката од Господа Бога. И погледав; а тоа подобие на маж слично на оган, и од крстот надолу оган, а од крстот негов угоре – некаква светлина слична на светлина од пламен. И како да ја протегна раката своја и ме фати за косата на главата моја, и духот ме подигна меѓу земјата и небото и ме занесе во Божји виденија во Ерусалим, при влезот на внатрешната врата, свртена кон север каде што беше поставен идолот на ревноста, кој побудува ревност. И, ете, таму беше славата на Бога Израилев, слична на онаа каква што видов во полето. И ми рече: »Сине човечки, подигни ги очите свои спрема север!« Ги подигнав очите свои спрема север, а од северната страна при вратата на жртвеникот, пред влезот нејзин беше идолот на ревноста. И ми рече Он: »Сине човечки, гледаш ли што прават; ги гледаш ли големите гадотии, што се вршат тука во домот Израилев, за да се оддалечат од Моето светилиште. Но сврти се, и ќе видиш уште поголеми одвратности.« И ме доведе при влезот во дворот, па погледав, а таму дупка во ѕидот. И ми рече: »Сине човечки, копни во ѕидот.« Јас копнав во ѕидот и ете таму видов некаква врата. И пак ми рече: »Влези и види одвратни гадотии што се вршат таму.« Влегов и гледам, а тоа секакви изобразени животни што се влечат, и нечисти животни, и секакви идоли, во домот Израилев, насликани по ѕидовите наоколу. И седумдесетмина мажи од старешините на домот Израилев стојат пред нив, а Језаниј, синот Сафониев, помеѓу нив; и кај секого од нив во раката – кадилница, и густ облак од кадиво се издигаше угоре. И ми рече: »Гледаш ли, сине човечки, што прават во темнина старешините на домот Израилев, секој во својата изнашарена соба, оти велат: ‚Не нѐ гледа Господ, Господ ја остави оваа земја.‘« И пак ми рече: »Сврти се и ќе видиш уште поголеми гадотии, што ги прават тие.« И ме доведе до влезот на вратата од домот Господен, која е кон север, и ете, таму седат жени, што го оплакуваа Тамуза, и ми рече: »Гледаш ли, сине човечки, сврти се и ќе видиш уште поголеми гадотии.« Па ме воведе во внатрешниот двор на домот Господен, а таму пред вратата на храмот Господен, меѓу тремот и жртвеникот, до дваесет и пет мажи стојат со грбот кон храмот Господен, а со лицето кон исток и се клањаат на сонцето спрема исток. И ми рече: »Гледаш ли, сине човечки. Малку ли е тоа за домот Јудин, да вршат такви гадотии, какви што се вршат овде? Но тие и земјата ја наполнија со бесчестие, и двојно Ме разгневуваат, и, ете, тие принесуваат гранки под носевите свои. Затоа и Јас ќе почнам да дејствувам со јароста; окото Мое нема да зажали и нема да се смилува; па макар тие да викаат со силен глас на ушите Мои – нема да ги чујам.« Извика на ушите Мои со силен глас и рече: »Нека се приближат оние, што сакаат да го казнат градот, секој со своето убиствено оружје во рацете.« И ете, шестмина луѓе влегуваат од горната врата свртени кон север и кај секого во раката убиствено сечиво, а меѓу нив еден облечен во ленена облека, а на појасот негов сапфир и дојдоа, па застанаа до бакарниот жртвеник. И славата на Бога Израилев се спушти од херувимите, на кои беше, врз прагот на домот. Го повика Бог човекот, облечен во ленена облека и кој имаше на бедрата појас. И му рече Господ: »Мини по средината на градот, по средината на Ерусалим, и стави им знак на челата од луѓето, оние што жалат, кои воздивнуваат за гадотиите, што се вршат во него.« А на оние чув да им каже: »Одете по него во градот и убивајте; вашето око да не жали, и не штедете: старец, момче и девојка, младенец и жена, бијте ги до смрт, но не гибајте ни еден од луѓето кои имаат знак, а почнете од моето светилиште.« И тие почнаа од старешините што стоеја пред домот. И им рече: »Осквернете го домот, наполнете ги дворовите со убиени и излезете.« Тие излегоа и почнаа да убиваат по градот. А кога убиваа, јас останав и паднав ничкум, извикав и реков: »О, Господи, зар ќе го истребиш сиот остаток на Израилот, изливајќи го гневот Свој врз Ерусалим!« И ми рече Он: »Бесчестието на домот Израилев и Јудин е многу големо; и оваа земја е полна со крв, градот е исполнет со неправда; оти тие велат: ‚Господ ја остави оваа земја, Господ не гледа.‘ Затоа и окото мое нема да ги пожали и нема да се смилува; делата нивни ќе ги свртам врз нивните глави. И ете, човекот, облечен во ленена облека и со мастилница на појасот, одговори и рече: ‚Извршив како што ми заповеда‘.« И видов, ете на сводот, што е над главите на херувимите, нешто како камен сапфир, како нешто да прилега на престол, се гледаше над нив. И му зборуваше Он на човекот, облечен во ленена облека, па рече: »Влези меѓу тркалата под херувимите, земи полна рака рагорени јаглени од местото меѓу херувимите и расфрли ги врз градот.« И тој влезе пред очите мои. Херувимите, пак, стоеја од десната страна на домот, кога влезе оној човек, и облак го исполни внатрешниот двор. И славата Господова се подигна од херувимот на прагот од домот и домот се исполни со облак и дворот се исполни со светлина од славата Господова. И шумот од крилјата на херувимите се слушаше дури до надворешниот двор, како да е тоа глас од Бога Сесилниот, кога Он зборува. И кога Он му даде заповед на човекот, облечен во ленена облека, му рече: »Земи оган од местото меѓу тркалата, меѓу херувимите«, и кога тој влезе и застана меѓу тркалата – тогаш среде херувимите застана еден херувим, ја протегна раката своја кон огнот, што беше меѓу херувимите, и зеде, па му даде една рака на облечениот во бела лененна облека. Тој зеде и излезе. А под крилјата на херувимите се гледаа подобија слични на човечки раце. И видов: ете четири тркала до херувимите, по едно тркало до секој херувим, а тркалата имаа изглед како да се од каменот топаз. И сите четири по својот вид беа еднакви, како едно тркало да се наоѓаше во друго тркало. Кога одеа, одеа на сите четири страни; кога одеа не се свртуваа, но одеа кон она место, каде што им беше свртена главата; кога одеа не се свртуваа. И телото нивно и грбот нивни и рацете нивни, и крилјата нивни, и тркалата нивни наоколу беа исполнети со очи – сите имаа по четири тркала. Тркалата се викаа, како што чув, галгал. И секое животно имаше по четири лица: првото лице – лице херувимско, вторто лице – лице човечко, третото лице – лице лавовско и четвртото – лице орловско. Херувимите се подигнаа. Тогаш видов дека тие беа истите животни што ги видов при реката Ховар. Кога одеа херувимите, се вртеа до нив и тркалата; кога се подигаа крилјата нивни, за да се подигнат од земјата, тркалата не се одделуваа, туку беа при нив. А кога стоеја, стоеја и тие; кога ќе се подигнеа, се подигаа и тие, зашто во нив беше духот на животните. И славата Господова се подигна од прагот на домот, па застана над херувимите. И херувимите ги подигнаа крилјата свои и се подигнаа пред очите мои од земјата. Кога тргнаа, и тркалата беа до нив; па застанаа при влезот на источната врата од домот Господен, и славата на Бога Израилев беше над нив одозгора. Тоа беа истите животни, што ги видов во подножјето на Израилевиот Бог при реката Ховар. И јас разбрав дека тоа се херувими. Секој имаше по четири лица, и секој – по четири крилја, а под нозете слично на човечки раце. Лицата им личеа како на оние лица, што ги видов при реката Ховар – од ист вид, тие истите. Секој одеше право во оној правец, што беше пред лицето негово. Ме дигна духот и ме доведе пред источната врата на домот Господен, која гледаше кон исток. А таму – пред влезот на вратата дваесет и пет човека, и меѓу нив го видов Јазанија, синот Азуров, и Фалтија, синот Ванеев, кнезови народни. И Он ми рече: »Сине човечки, еве ги луѓето што на ум имаат да вршат беззаконија и кои му даваат лош совет во овој град, велејќи: ‚Уште е далеку; да си градиме домови; тој е котел, а ние – месо.‘ Затоа изречи против нив пророштво, пророкувај, сине човечки!« И слезе врз мене Духот Господен и ми рече: »Кажи – така вели Господ – она што го зборувате вие, доме Израилев, и она што ви иде на ум, тоа Јас го знам. Многумина ваши убиени ги положивте во тој град, и улиците негови се исполнија со трупови.« Затоа, вака вели Господ Бог: »Убиените ваши, што ги оставивте среде него, се месо, а тој – котел; но вас Јас ќе ве изведам од него. Вие се боите од меч, а Јас ќе испратам врз вас меч, вели Господ Бог. И ќе ве изведам од него, ќе ве предадам во рацете на туѓинци, и ќе извршам суд над вас. Од меч ќе паднете; во пределите на Израилот ќе ви судам, ќе познаете, дека Јас сум Господ. Он нема да биде за вас котел, и вие нема да бидете во него месо; во пределите Израилеви ќе ви судам. И ќе познаете, дека Јас сум Господ; затоа што не одевте по Моите заповеди и не ги извршувавте Моите наредби, туку одевте по наредбите на народите околу вас.« И ете, кога пророкував, Фалтија, синот Ванеев, умре. И паднав ничкум, викнав со силен глас и реков: »О, Господи Боже, зар сакаш до крај да го истребиш остатокот на Израилот?« И би слово Господово до мене: »Сине човечки, на браќата твои, на твоите браќа, на твоите еднокрвни и на сиот Израилев дом – на сите што живеат во Ерусалим, им велат: ‚живејте далеку од Господа, оваа земја дадена ни е нам да ја владееме.‘« За ова кажи им: вака вели Господ Бог – »макар и да ги оддалечив меѓу народите и макар што ги распрснав по земјата, Јас за нив пак ќе бидам како светилиште во оние земји, каде што отидоа.« Потоа кажи им, вака вели Господ Бог: »Јас ќе ве соберам од кај народите и ќе ве вратам од земјите, во кои сте се растуриле; и ќе ви ја дадам земјата Израилева. И ќе дојдат таму и ќе ве исфрлат од неа сите гадотии и сите нечистотии. И ќе им дадам едно срце, ќе вложам во нив нов дух, ќе го земам од телото нивно каменото срце и ќе им дадам срце од плот, за да одат по Моите заповеди, да ги пазат Моите наредби и да ги извршуваат; и ќе бидат Мој народ, и Јас ќе бидат пак нивни Бог. А чие срце, се поведе по гадотиите нивни и нечистотиите нивни, нивното поведение ќе го свртам врз нивните глави«, вели Господ Бог. Тогаш херувимите ги подигнаа крилјата свои, и тркалата беа до нив; и славата на Израилевиот Бог беше над нив одозгора. И се крена славата Господова среде градот и застана над планината, што се наоѓа источно од градот. И духот ме подигна и ме пренесе во видение, преку Духот Божји, во Халдеја, при преселените. И видението, што го имав, избега од мене. И јас им ги пренесов на изгонените сите зборови Господови, што ми ги откри Он. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, ти живееш среде отстапнички дом: тие имаат очи да гледаат, а не гледаат имаат и уши да слушаат, но не слушаат; затоа што се тие дом отстапнички. А ти, сине човечки, приготви си сѐ што е потребно за преселување и сред бел ден пресели се пред очите нивни, пресели се од твоето место во друго место, пред очите нивни; можеби, тие ќе разберат, макар што се дом отстапнички. И работите твои изнеси ги како работи потребни за преселување, дење пред очите нивни, и сам излези вечерта пред очите нивни, како тие што излегуваат за преселување. Пред очите нивни пробиј си отвор во ѕидот и изнесувај низ него. Пред очите нивни земи го товарот свој на рамо, па во приквечерина изнеси го, подзатскриј го лицето свое, за да не ја видиш земјата; затоа што Јас те поставив за знак на домот Израилев.« И извршив како што ми беше заповедано; работите нужни при преселувањето ги изнесов дење, а вечерта прокопав со раката отвор во ѕидот и во темнината го изнесов товарот, и го кренав на рамо пред очите нивни. Утредента рано би слово Господово до мене: »Сине човечки, не му кажа ли ти на домот Израилев, домот отстапнички – што вршиш?« Кажи им – вака вели Господ Бог: »Тоа е предвесник за началникот на Ерусалим и за целиот дом Израилев, кој е таму.« Кажи: »Јас сум знакот за вас; она што го вршам јас, тоа ќе биде и со нив, при преселувањето, во ропство ќе отидат тие. А началникот, што е меѓу нив во темнина, носејќи на рамо, ќе излезе. Ѕидот ќе го пробијат за да го изнесат низ него; тој ќе го сокрие лицето свое, така што со очите свои нема да ја види оваа земја. А Јас, ќе ја спрострам врз него Мојата мрежа, и тој ќе биде фатен во мојата примка, и ќе го одведам во Вавилон, во земјата Халдејска, но тој нема да ја види, и таму ќе умре. А сите што се околу него, неговите помошници, и сета војска ќе ја развеам по сите ветрови, и ќе го извадам мечот по нив. И ќе познаат тие, дека Јас сум Господ, Оној Кој ги распрсна меѓу народите и ги развеа по земјите. Но еден мал број од нив Јас ќе го запазам од меч, глад и помор, за да им ги раскажуваат на народите, при кои ќе отидат, сите гадотии; и ќе познаат, дека Јас сум Господ.« И би слово Господово до мене: »Сине човечки, јади го лебот со трепет, и водата пиј ја со треперење и со мака. И кажи му на народот од оваа земја: вака вели Господ Бог за жителите на Ерусалим, за земјата на Израилот; тие ќе го јадат лебот со жал и водата ќе ја пијат во очајание, зашто поради неправдата на сите што живеат во неа, земјата ќе биде лишена од секакво изобилие. И ќе бидат разорени населените градови, и земјата ќе стане пуста, и ќе познаете дека Јас сум Господ.« И би слово Господово до мене: »Сине човечки, каква е таа поговорка кај вас во земјата Израилева: ‚Многу денови ќе изминат и секое пророчко видение ќе изчезне?‘« Затоа кажи им – вака вели Господ Бог: »Ќе ја уништам таа поговорка, и нема веќе тие да ја употребуваат таа поговорка во Израилот; но, кажи им – блиски се деновите и извршувањето на секое пророчко видение. Оти нема веќе да остане попусто ниедно пророчко видение, и ниедно предвестување нема да биде лажно во домот на Израилот. Зашто Јас, Господ, го зборувам ова: и зборот, кој Јас го кажувам ќе се исполни, и нема да биде одложен; во ваши денови, доме отстапнички, реков збор, и ќе го исполнам«, вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, ете, домот Израилев вели: пророчкото видение, што го виде тој, ќе се изврши по многу денови и тој пророкуваше за далечни времиња.« Затоа кажи им: вака вели Господ Бог: »Ниеден Мој збор нема да биде одложен, но зборот, што ќе го кажам Јас, ќе се изврши,« вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, изречи пророштво против пророците на Израилот, кои пророкуваат, и кажи им на оние, што пророкуваат од свое срце: чујте го словото Господово. Вака вели Господ Бог: тешко им на безумните пророци, што се водат од својот дух, а ништо не виделе. Твоите пророци, Израиле, се како лисици во развалини. Во пролом и вие не влегувате и не го оградувате со ѕид домот Израилев за да биде цврст при битката во денот Господен. Тие гледаат суета и претскажуваат лага, велејќи: ‚Господ вели‘, а Господ не ги испратил; и даваат надеж дека словото ќе се исполни. Зар не видовте суетно видение и не кажувате ли лажно предвестие, велејќи: ‚Господ вели‘, а Јас, пак, не сум рекол? Затоа вака вели Господ Бог: – бидејќи кажувате суета и гледате во виденијата лага, Јас сум против вас, – вели Господ Бог. И ќе биде раката Моја против тие пророци, кои гледаат суета и претскажуваат лага; во советот на Мојот народ тие нема да бидат, во списокот на домот Израилев нема да бидат запишани и во земјата Израилева нема да влезат. Па ќе познаете, дека Јас сум Господ Бог. Затоа што го воведуваат Мојот народ во заблуда, велејќи: – мир, а мир нема; и кога тој гради ѕид, а тие со кал го мачкаат. Кажи им на тие што ѕидот го мачкаат со кал, дека тој ќе падне, ќе заврне силен дожд и ти, ѕиду од камен, ќе паднеш и силен ветар ќе те распарчи. И, ете, ѕидот ќе падне; нема ли тогаш да кажат: ‚Каде е мачканицата, со која го мачкавме?‘ Затоа вака вели Господ Бог: Ќе пуштам разорен ветар во гневот Свој и ќе падне пороен дожд во јароста Моја, и град како камења во јадот Мој ќе биде за истребување. Ќе го урнам ѕидот, што го мачкавте со кал, и ќе го фрли на земја; ќе се открие темелот негов, па ќе падне, а вие заедно со него ќе загинете, и ќе познаете, дека Јас сум Господ. И ќа ја излеам јароста Своја врз ѕидот и врз оние што го мачкаа со кал, и ќе ви речам: – го нема ѕидот и ги нема оние, што го мачкаа – пророците Израилеви, кои му пророкуваа на Ерусалим и го известуваа за мирни виденија, кога мир немаше, – вели Господ Бог.« А ти, сине човечки, сврти го лицето свое кон ќерките на овој народ, кои пророкуваат од своето срце, и кажи пророштво против нив. па речи – вака вели Господ Бог: »Тешко им на оние што си пришиваат магијски амајлии под мишките и прават превези на главата за секоја возраст, само да ловат души. Зар ловејќи ги душите на Мојот народ, вие ќе си ги спасувате вашите души? И Ме обесчестувате пред Мојот народ за рака јачмен и за парчиња леб, умртвувајќи ги душите што не треба да умрат, а оставајќи ги да живеат оние души, што не треба да живеат, лажејќи го народот што слуша лага.« Затоа вака вели Господ Бог: »Еве, Јас сум против вашите магиски амајлии, со кои ги ловите душите како птички, ќе ги искинам од под мишките ваши и ќе ги пуштам на слобода душите, што ги ловите како птички. Ќе ги парчосам вашите покривала и ќе го избавам Својот народ од рацете ваши; тие нема да бидат веќе плен во рацете ваши, па ќе познаете дека Јас сум Господ. Поради тоа што со лага го жалостите срцето на праведникот, кого Јас не сакам да го жалостам, и ги задржувате рацете на грешникот, за да не се одврати од својот порочен пат, па не го зачува својот живот, затоа нема да имате веќе суетни виденија и во иднина нема веќе да баете, Јас ќе го избавам мојот народ од рацете ваши, и ќе познаете, дека Јас сум Господ.« И дојдоа при мене неколкумина Израилеви старешини, па седнаа пред мене. И би слово Госпдово до мене: »Сине човечки, овие луѓе дозволија своите идоли да си ги стават во срцата свои, се соблазнија со своето бесчестие: можам ли да им одговорам?« Затоа зборувај со нив и кажи им – вака вели Господ Бог: »Ако некој од домот Израилев дозволи во срцето свое да има идоли и така со тоа да го соблазнува своето бесчестие, па дојде при пророк, – па зар Јас, Господ, можам ли, при толку многу идоли да му дадам одговор? Домот Израилев нека разбере во срцето свое, дека сите со своите идоли станаа туѓи за Мене.« Затоа кажи му на домот Израилев – вака вели Господ Бог: Обрнете се и откажете се од вашите идоли и од сите ваши гадотии одвратете го лицето свое. Зашто, ако некој од домот Израилев и од придојдените кои живеат при Израилот, се откаже од Мене и допушти во срцето свое да има идоли и со тоа пред лицето свое бесчести, па дојде при пророк за да ме праша преку него, – па зар Јас, Господ, треба ли да му дадам одговор од Себе? Јас ќе го свртам лицето Свое против тој човек и ќе го поразам како знак и приказ и ќе го истребам од мојот народ, и ќе познаете дека Јас сум Господ. Ако, пак, пророкот дозволи да се измами и каже збор така како Јас, Господ, да сум го научил тој пророк, тогаш Јас ќе ја протегнам раката Своја против него и ќе го истребам од народот мој, од Израилот. И тие обајцата ќе ја понесат вината за беззаконието. Каква ќе биде вината на оној што прашува, таква ќе биде вината и на пророкот, та во иднина домот Израилев да не се отклонува од Мене и да не се осквернува веќе себеси со секакви свои беззаконија, туку да бидат Мој народ и Јас да бидам нивни Бог, – вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, ако некоја земја ќе згрешеше пред Мене, вероломно отстапувајќи од Мене, и Јас ја протегнам врз неа раката Своја, ја уништував при неа лебната потпора, праќав врз неа глад и почнував по неа да ги погубувам луѓето и добитокот, па, ако се најдеа во неа тројца мажи: Ное, Данаиил и Јов, тие со својата праведност ќе можеа да ги спасат само своите души, вели Господ Бог. Или, ако пратев врз таа земја лути ѕверови што би ја осиромашиле, и таа поради ѕверовите стане пуста и непреодна. тоа тројцата тие мажи во неа да се – жив сум Јас, вели Господ Бог, не би ги спасиле ни синовите ни ќерките, а само тие би се спасиле, земјата пак би останала пуста. Или, ако пратев врз таа земја меч и му реков: ‚мечу мини преку земјата!‘, и тој почнеше да истребува по неа луѓе и добиток, тоа само тие тројца мажи среде неа – жив да сум Јас, вели Господ Бог, не би ги спасиле ни синовите ни ќерките, а би се спасиле само тие. Или, да бев пратил врз таа земја помор и да бев ја излеал врз неа јароста Своја во крвопролевање, за да истребувам во неа луѓе и добиток, тоа Ное, Даниил и Јов среде неа – жив да сум Јас, вели Господ Бог, не би ги спасиле ни синовите ни ќерките; со својата праведност тие би ги спасиле само своите души.« Зашто така вели Господ Бог: »Ако и четирите мои тешки поразии – мечот и гладот, лутите ѕверови и поморот – би ги пратил врз Ерусалим за да истребуваат во него луѓе и добиток, и тогаш ќе остане во него само остатокот на синовите и ќерките, што нема да бидат изведени оттаму; ете, тие ќе дојдат при вас и вие ќе го видите поведението нивно и делата нивни, па ќе се утешите за онаа беда, што ја пратив врз Ерусалим, за сѐ што пратив врз него. Тие ќе ве утешат, кога ќе го видите нивното поведение и делата нивни; и ќе познаете дека не залудо Јас го извршив сето тоа, што го извршив во него«, вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, какво предимсто има дрвото од лоза пред секое друго дрво, и прачките од лозата пред гранките од дрвјата во гората? Зар се зама од него парче за некаква изработка; земаат ли од него барем некаков клин, за да закачат на него некоја работа? Ете, го фрлаат во оган за да изгори; двата краја огнот му ги подгорува, па му ја изгорува и средината; може ли да стане од него нешто за некаква изработка? И кога би било цело, не станува збор за некаква изработка; а уште повеќе, кога огнот ќе го подгори и го обгори, па ќе биде ли тоа за некаква изработка? Затоа, вака вели Господ Бог: – како што дрвото од лоза меѓу горските дрвја го предадов на оган, за да изгори, така нему ќе му ги предадам и ерусалимските жители. И ќе го свртам лицето Свое против нив, од еден оган ќе излезат и друг оган ќе ги проголта, па ќе познаете, дека Јас сум Господ, кога ќе го свртам лицето Свое против нив. И ќе ја направам таа земја пустиња, затоа што постапија вероломно«, вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, кажи му ги на Ерусалим неговите гадотии. И речи – вака ѝ вели Господ Бог на ќерката ерусалимска: – твојот корен и твојата татковина е во Хананската земја; татко твој е Амореец, а мајка ти е Хетејка; при твоето раѓање – во денот кога се роди – папокот ти го пресекоа, со вода не те измија заради очистување, со сол не те посолија и во пелени не те повија. Ничие око не се смили на тебе та од милост кон тебе да ти направат нешто од тоа; но те фрлија во полето од презир кон твојот живот во денот на твоето раѓање. Минував јас покрај тебе и те видов оставена како преташ во крвта твоја, па ти реков: ‚живеј во крвта своја!‘ Така ти реков и пак Јас – ‚во крвта своја живеј!‘ Се размножи како растенијата во полето; порасна, стана голема и се здоби со голема убавина: твоите гради се надигаа, а и косата ти порасна; но беше гола и непокриена. Минував покрај тебе и те видов, а тоа беше времето твое, време за љубов; ги прострев полите од облеката Своја врз тебе и ја покрив голотијата твоја; па ти се заколнав и стапив во сојуз со тебе, вели Господ Бог – и ти стана Моја. Те измив со вода, и ја измив од тебе крвта и те помазав со елеј. Ти облеков везена облека и ти обув црвени сандали, те опашав со висон и те покрив со свилен превез. Те искитив со накити и ти ставив гривни на рацете, а околу вратот – веришка. Ти ставив и прстен на носот, обетки на ушите, а на главата твоја – прекрасен венец. И така, ти беше украсена со злато и сребро, а облеката ти беше висон, свила и везена ткаенина; се хранеше со леб од најдобро пченично брашно, со мед и елеј, и беше многу убава, па достигна царско велелепие. И се разнесе славата твоја меѓу народите поради твојата убавина, зашто таа претставуваше полно совршенство при великолепниот накит, со кој ти искитив – вели Господ Бог. Но ти се надеваше на убавината своја, и користејќи се со славата своја, почна да блудствуваш, и живееше блудно со секој минувач, подавајќи му се. Па зеде од облеката своја и си направи шарени идолчиња, па блудствуваше на нив како ништо да не било, и нема да биде. И ги зеде своите накити од моето злато и од моето сребро, што ти ги дадов Јас и си направи од нив машки ликови и блудстуваше со нив. Па ги зеде своите везени облеки, ги облече во нив, и стави пред нив Мој елеј, Мој темјан, и Мој леб, што ти го давав; пченичното брашно, елејот и медот, со кое те хранев, ти ги ставаше пред нив со благопријатен мирис; и тоа стана така – вели Господ Бог. И ги зеде сивновите свои и ќерките свои, што Ми ги роди, па ги принесуваше преку оган како жртва, за да бидат проголтани. Зар малку блудствуваше? Но ти и синовите Мои ги колеше и ги давеше, принесувајќи ги преку оган. И при сите твои гадотии и твоите блудства, ти не се сети за деновите на својата младост, кога беше гола и непокриена и фрлена за да бидеш измачувана во крвта своја. И по сите тие злодејанија – ‚тешко, тешко тебе‘, вели Господ Бог. Ти изгради куќи за блуд, на својата улица ги направи. Во почетокот на секоја улица направи куќи за блуд, ја срамотеше твојата убавина, ги рашируваше нозете твои за секој минувач, го преумножи твоето блудствување. Блудствуваше со египетските синови – со своите соседи, луѓе силни, го умножуваше блудството и ме разгневуваше. И ете, Јас ја протегнав раката Своја против тебе и го намалив дарот, за тебе, па те препуштив на произвол пред ќерките филистејски, кои те мразеа и се засрамија од твоето лошо поведение. Ти блудствуваше со синовите на Асура не се насити што блудствуваше со нив, но со тоа не се задоволи; Ти ги умножи блудствата свои во земјата Хананска до Халдеја, но и со тоа не се задоволи. Колку ли треба да е истоштено срцето твое – вели Господ Бог – кога сето тоа го вршеше како необуздана блудница! Кога градеше куќи за блуд во почетокот на секоја улица и си правеше шарени возвишенија на секој крстопат, ти не гледаше како блудница, зашто ги отфрлуваше подароците, но беше како неверна жена, која место својот маж, прибира туѓи мажи. На секоја блудница ѝ даваат подароци, а ти самата даваше подароци на сите свои миленици и ги поткупуваше, за да доаѓаат при тебе од сите страни и да блудстуваат со тебе. При твоето блудствување стануваше обратно од она, што станува кај жените; за да доаѓаат при тебе, а ти даваше подароци, тебе не ти даваа подароци; и затоа ти постапуваше обратно од другите. Па поради тоа чуј го, блуднице, словото Господово. Вака вели Господ Бог: заради тоа што ги распилуваше парите свои и при блудствувањето твое беше разоткривана голотијата твоја пред очите на твоите миленици и пред сите твои одвратни идоли, а за крвта на твоите синови, што им ги даваше ти – затоа, еве, Јас ќе ги соберам сите твои миленици, со кои се насладуваше и кои ти ги љубеше, како и оние што ги мразеше, и ќе ги соберам одред сите против тебе и ќе ја разоткријам пред нив голотијата твоја, и ќе го видат сиот срам твој. Јас ќе ти судам, како што им се суди на прељубнички и на оние, кои пролеваат крв – и ќе те предадам на крвава јарост и ревност; ќе те прададам во рацете нивни и тие ќе ги разрушат блудилиштата твои и ќе ги расфрлаат, ќе ги соблечат облеките твои од тебе, ќе ги земат накитите твои и ќе те остават гола и непокриена. Ќе свикаат против тебе собрание, ќе те убијат со камења и ќе те расечат со мечеви свои. Со оган ќе ги изгорат твоите куќи и ќе извршат над тебе суд пред очите на многу жени; и ќе стават крај на твоето блудство, и повеќе нема да даваш подароци. Ќе го смирам над тебе Својот гнев, и ќе отстапи од тебе Моето негодување, ќе се успокојам и нема повеќе да се гневам. Затоа што не се сети на деновите од младоста своја и што со сето тоа Ме дразнеше, еве, и Јас ќе го свртам поведението твое врз главата твоја, вели Господ Бог, за да не се предаваш повеќе на разврат по сите твои гадотии. Еве, секој што зборува во раскази, може да каже за тебе: ‚каква е мајката, таква е и ќерката‘. Ти си ќерка како мајката твоја, која го оставила мажот свој и децата свои, и ти си сестра како сестрите нејзини, што ги оставиле мажите свои. Вашата мајка е Хетејка, а таткото ваш беше Амореец. Твојата поголема сестра е Самарија, која со ќерките свои живееше лево од тебе, и помалата сестра твоја, што живееше десно од тебе е Содом со ќерките свои. Но ти и по нивните патишта не одеше и по нивните гадотии не постапуваше. Тоа беше малку: ти постапуваше поразвратно од нив во сите твои патишта. Жив да сум, вели Господ Бог: дури е Содом, сестрата твоја и ќерките нејзини не го вршеа она што го правеше ти и твоите ќерки. Ете во каква состојба е беззаконието на сестра ти Содом и на ќеките нејзини: во гордост, во презаситеност, во празнина, и раката нејзина не помагаше силно човек во беда. И се погодија тие, па вршеа гадотии пред лицето Мое, и, откако го видов тоа, Јас ги отфрлив. Самарија и половината од гревовите твои не направи; ти ги надмина со твоите гадотии, и преку твоите нечистотии, што ги изврши, сестрите твои се покажаа поисправни од тебе. Носи го поради тоа срамот свој и ти, што ги осудуваше сестрите свои; според гревовите, со кои се покажа полоша од нив, тие се поисправни од тебе. Зацрвени се тогаш од срамот и ти, и носи си го срамот, што така ги оправда сестрите свои. Но јас ќе ги вратам нивните заробеници, заробениците на Содом и на ќерките нејзини, заробениците на Самарија и на ќерките нејзини, како и твоите во плен одведени меѓу нив, за да го носиш срамот свој и да се срамуваш од сето ова, што го правеше, откако ќе им бидеш утеха. И сестрите твои, Содом и ќерките нејзини, ќе се вратат во поранешна состојба; исто така Самарија и ќерките нејзини ќе се вратат во поранешна состојба; а и ти и твоите ќерки ќе се вратите во поранешната состојба. За сестра ти Содом и помен немаше во устата своја во деновите на твојата гордост, додека уште не беше откриено твоето бесчестие, како во времето, кога беше посрамена од сириските ќерки и од сите, што ја опкружуваа, од филистејските ќерки кои одреда гледаа на тебе со презир. Поради твојот разврат и поради твоите гадотии ти трпиш,« – вели Господ. Оти така вели Господ: »Јас ќе постапам со тебе, како што постапи ти, кога ја презре клетвата, нарушувајќи го сојузот. Но Јас ќе се сетам на Мојот сојуз со тебе во деновите на твојата младост и ќе востановам со тебе вечен сојуз. А и ти ќе се сетиш за твоите патишта, и ќе ти биде срам, кога ќе почнеш да ги примаш сестрите свои, поголемите од тебе, како и помалите од тебе, и кога почнав да ти ги давам за ќерки, но не по твојот завет. Јас ќе го востановам Мојот сојуз со тебе, и ти ќе познаеш, дека Јас сум Господ, за да помниш и да се срамуваш, и во иднина да не можеш од срам да ја отвориш устата, кога ќе ти простамсѐ, што го правеше ти« – вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, предложи загатка и кажи паримија за домот Израилев. Кажи, вака вели Господ Бог: Голем орел со големи крилја, со долги перја, буфлест, шарен долета на Ливан и застана на врвот од еден кедар, ја открши најгорната гранка со гранчињата, ја донесе во Хананската земја и ја стави до градот на трговците; зеде од семето од онаа земја, го посеа во погодна земја и го постави до големата вода, како што се садат врбите. И тоа израсна и стана лоза, широка, ниска во височина, чии прачки се наведнуваа кон неа и корењата нејзини беа под неа, па стана лоза, и пушти фиданки и прачки. Имаше и еден друг орел со големи крилја и буфлест; и ете таа лоза се провлече кон него со корењата свои и ги рашири прачките кон него за да ја полива од браздите на расадникот свој. Таа беше посадена на добра земја, покрај голема вода, така што можеше да пушта ластари и да дава плод, да стене великолепна лоза. Кажи – така вели Господ Бог: ќе успее ли таа? нема ли да ѝ ги искорнат корењата нејзини, нема ли да ѝ ги искинат плодовите нејзини, така што таа да се исуши; сите млади ластари, што израснале од неа ќе се исушат. И не со голема сила и не многу луѓе ќе ја искорнат со корењата нејзини. И ете, макар што е посадена, па ќе успее ли? Нема ли да се исуши, штом ќе дувне источниот ветар? – ќе сиеисуши таа во браздата, таму каде што израснала.« И би слово Господово до мене: Кажи му на отстапничкиот дом: »зар не знаете што значи тоа?« – кажи: »ете, дојде вавилонскиот цар во Ерусалим, го фати царот негов и кнезовите негови и ги одведе при себе во Вавилон. Фати и друг од царски род, склучи со него сојуз и го обврза со клетва, земјаќи ги при себе силните во таа земја. за да биде покорно царството да не може да се крева, за да се пази сојузот и да биде цврст. Но тој се одметна од него, прати свои пратеници во Егиепт за да му дадат коњи и многу луѓе. Ќе успее ли тој? Ќе има ли благослов тој, што го врши тоа? Тој го нарушил сојузот и ќе успее ли?« »Жив да сум Јас, вели Господ Бог. – Во пребивалиштето на царот, кој го постави за цар и кому му е дадена клетва, тој го презре и го наруши сојузот свој со него. Затоа тој ќе умре при него во Вавилон. Со големата сила и со многубројниот народ Фараонот нема да му помогне во таа војна, кога оној ќе направи опкопи и изгради кули за погибел на многу души. Тој ја презре клетвата, за да го наруши сојузот, и ете ја подаде раката своја и го направи сето тоа; тој нема да успее.« Затоа, вака вели Господ Бог; »жив да сум Јас, Мојата клетва, која тој ја презре, и Мојот сојуз, што тој го наруши, Јас ќе го свртам врз главата негова. Ќе ја фрлам врз него мрежата Моја и ќе биде фатен во моите примки; ќе го одведам во Вавилон и таму ќе се судам со него за предавството негово против Мене. А сите бегалци негови со сета војска ќе паднат од меч, додека другите ќе бидат распрснати по сите ветрови; и ќе познаете дека јас, Господ, сум го рекол ова.« Така вели Господ Бог: »Ќе земам од врвот на високиот кедар – и ќе посадам; од неговите најголеми гранки ќе откинам нежно гранче и ќе го посадам на висока и величествена планина. На високата Израилева гора ќе го посадам – и тоа ќе пушти гранки, ќе даде плод и ќе стане величествен кедар, и ќе се собираат под него секаков вид птици, секаков вид пернати и ќе се одмараат во сенката на неговите гранки. И ќе разберат сите полски дрвја, дека Јас, Господ, високото дрво го снизувам, ниското го издигам, зеленото го исушувам, а сувото дрво го раззеленувам – Јас Господ го реков тоа – и ќе го направам«. И би слово Господово до мене: »Зошто употребувате во Израилевата земја поговорка, велејќи: ‚татковците јадеа кисело грозје, а на децата забите им фаќаат оскомина?‘ Жив да сум, Јас, вели Господ Бог: – во иднина нема да ја кажуваат таа поговорка во Израилот. Оти, ете, сите души се Мои; како душата на таткото, така и душата на синот се Мои: која душа греши, таа ќе умре. Ако некој е праведен и врши суд и правда, по планините не јаде жртвено и кон идолите на домот Израилев не свртува очи, жената на својот ближен не ја осквернува и до жената своја, кога се чисти од својата нечистотија не се приближува; никого не присилува, на должникот му го враќа залогот и грабеж не врши, од својот леб му дава на гладниот и голиот го облекува во облека, под лихва не дава и лихва не зема, ја воздржува раката своја од неправда и извршува праведен суд меѓу човек со човек; постапува според Моите заповеди и искрено пази на Моите наредби – тогаш тој е праведник, тој секако ќе биде жив, вели Господ Бог. Но, ако му се роди син разбојник, кој пролива крв и врши нешто што и да е слично на тоа, кое тој сам никако не вршел и по планини јаде жртвено, и жената на ближниот ја осквернува, беден и сиромав присилува, одзема насила, залог не враќа и кон идолите ги врти очите, тој врши гадотија; дава под лихва и зема лихва, – па зар ќе биде тој жив? Не, тој нема да биде жив. Кој ги врши сите тие гадни работи, тој бездруго ќе умре, крвта негова ќе биде врз него. Но, ако некому му се роди син, кој, гледајќи ги сите тие гревови на својот татко, какви што ги вршел, па гледа – и не врши слични работи: по планини жртвено не јаде, кон идолите на домот Израилев не свртува очи, жената на својот ближен не ја осквернува и човек не присилува, залог не зема и насила не одзема, од лебот свој му дава на гладен и гол со облека облекува, врз беден рака не крева, награди и лихва не зема, ги исполнува Моите повелби, тој нема да умре заради гревовите на татка си: тој ќе биде жив. А татко му, бидејќи жестоко притискал, братот го ограбувал, и вршел лоши работи кај народот свој, ете – тој ќе умре поради своето беззаконие. Вие велите: ‚зошто, пак, синот не ја сноси вината на татка си?‘ Затоа, што синот постапува законски и праведно, пази на сите Мои наредби и ги извршува: тој ќе биде жив. душа, која згрешила, ќе умре; синот нема да го понесе гревот на татка си, и таткото нема да го понесе гревот на сина си, правдата на праведниот при него си останува и беззаконието на грешникот при него си останува. И грешникот, ако се одврати од сите свои гревови, какви што правел, ако ги пази сите Мои уредби и постапува законски и праведно, ќе биде жив, нема да умре. Сите негови престапи, какви што правел, нема да му се спомнуваат; во правдата своја, што ќе ја врши, тој ќе биде жив. Зар Јас сакам смрт за грешникот? вели Господ Бог. Напротив, Јас сакам – тој да се откаже од патиштата свои и да биде жив. И праведникот, ако отстапи од својата правда и постапува неправедно, ако ги врши сите оние гадотии, што ги врши грешникот, ќе биде ли жив? Сите негови добри дела, што ги правел нема да бидат спомнати: поради беззаконието што го вршел и поради гревовите свои, со кои грешел, тој ќе умре. Но вие велите: ‚не е исправен патот Господен‘. Послушајте, доме Израилев, зар Мојот пат не е исправен? Зар патиштата ваши не се неисправни? Ако праведникот отстапува од правдата своја и врши беззаконија и затоа умира, тој умира поради гревот што го направил. И грешникот, ако се откаже од беззаконието свое што го вршел, па извршува суд и правда – ќе ја врати душата своја кон живот. Оти тој видел и се откажал од сите свои пресатпи, какви што направил: ќе биде жив, нема да умре. А домот Израилев вели: ‚не е прав патот Господен!‘ Не се ли прави доме Израилев, Моите патишта? Па зар се прави вашите патишта? Затоа Јас ќе ви судам вам, доме Израилев, секого според делата негови, вели Господ Бог; покајте се и оттргнете се од вашите престапи, та вашето нечестие да не ви биде вам сопка. Отфрлете ги од себе сите свои гревови, со кои сте згрешиле, и направете си ново срце и нов дух; и зошто да умирате? – доме Израилев. Оти, Јас не ја сакам смртта на оној што умрел, вели Господ Бог; но поправете се – и живејте!« »А ти заплачи за кнезовите Израилеви. И кажи: – каква лавица е твојата мајка? Се расположила меѓу лавовите, меѓу младите лавови, одгледува свои мали. И дали отхранила едно од своите млади, па тоа станало млад лав и се научило плен да лови, луѓе да јаде.« И чуја народите за него: бил фатен во неговата јама и во вериги однесен во земјата Египетска. И откако почека и виде дека надежта нејзина ѝ пропадна, таа зеде друго свое лавче и го направи млад лав. И тоа, кога стана млад лав, почна да оди меѓу лавовите и се научи плен да лови, и луѓе да јаде, ги осквернуваше вдовиците нивни и градовите нивни ги опустошуваше; па запусте земјата и сите нејзини населби од неговото рикање. Тогаш се подигнаа против него народите од околните области и ја поставија мрежата своја; тој беше фатен во нивната јама. И го ставија во кафез, во вериги, па го одведоа при вавилонскиот цар; го одведоа во тврдината, за да не се слуша глас од него по планините Израилеви. Твојата мајка беше како лоза, посадена покрај вода; плодовита и разгранета беше таа од многу вода. И имаше при неа прачки здрави за скиптар на владетел и високо се издигна со својот раст и меѓу густите прачки, па се истакнуваше во височината своја, со многуте свои ластари. Но, во гневот таа беше откорната, фрлена на земја и источниот ветар го исуши плодот нејзин; откинати и исушени се нејзините силни прачки, оган ги проголта. А таа сега е пресадена во пустињата, во земја сува и жедна. И излезе оган од сплетот на гранките нејзини, ги проголта плодовите нејзини и не останаа на неа здравите прачки за скиптар на владетел. Тоа е жална песна и ќе има плачење. Во седмата година, петтиот месец, десеттиот ден од месецот, дојдоа некои Израилеви старешини да Го прашаат Господа и седнаа пред мене. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, зборувај со старешините Израилеви и кажи им – вака вели Господ Бог: сте дошле да Ме прашате? Жив да сум Јас – нема да ви дадам одговор, вели Господ Бог.« Сакаш ли да се судиш со нив, сакаш ли да се судиш, сине човечки? Кажи им ги гадотиите на нивните татковци; и кажи им – вака вели Господ Бог: »во оној ден кога го избрав Израилот и кога ја подигнав раката Своја, се заколнав во племето на домот од Јакова, и им се открив во земјата Египетска, и кога ја подигнав раката им реков: ‚Јас сум Господ, вашиот Бог‘. Во оној ден, кога ја подигнав раката Своја, Јас им се заколнав дека ќе ги изведам од земјата Египетска во земја, која Јас ја избрав за нив, и во која тече мед и млеко, украс на сите земји.« И кажи им: Отфрлете ги сите гадотии од вашите очи и не се осквернувајте со египетските идоли – Јас сум Господ, вашиот Бог. Но тие се возмутија против Мене и не сакаа да Ме слушаат; никој не се откажа од гадотиите на очите свои и не ги остави египетските идоли. А Јас реков: ќе го излијам врз нив гневот Свој, ќе ја исцрпам врз нив јароста Своја среде Египетската земја. Но Јас постапив така заради името Мое, па тоа да не се хули пред народите, меѓу кои тие се наоѓаат и пред чии очи Јас им се открив, за да ги изведам од Египетската земја. И Јас ги изведов од земјата Египетска и ги доведов во пустињата, им ги дадов Моите заповеди и им ги објавив Моите наредби, преку кои човекот, откако ќе ги изврши, ќе биде жив; им ги дадов исто така и Моите саботи, за да бидат знак меѓу Мене и нив, па да знаат, дека Јас сум Господ што ги осветува. Но домот Израилев се побуни против Мене во пустињата: не постапија според Моите заповеди и ги отфрлија Моите наредби, преку кои човекот, ако ги исполнува, би можел да биде жив, и Моите саботи ги нарушија – и Јас реков – ќе ја излијам врз нив Својата јарост во пустињата, за да ги истребам. Но Јас постапив заради Моето име, та да не се хули тоа пред народите, пред чии очи ги изведов. Дури и кога ја подигнав раката против нив во пустињата, се заколнав, дека нема да ги воведам во земјата, која бев им ја определил – во која тече мед и млеко, украс на сите земји, заради тоа што ги отфрлија Моите наредби, не постапија по Моите заповеди и ги нарушуваа Моите саботи; оти нивното срце чезнееше повеќе кон идолите нивни. Но Моето око се смили и не ги погуби; и Јас не ги истребив во пустиња. Им зборував на синовите нивни во пустињата: »Не одете по правилата на татковците ваши, не пазете ги уредбите нивни и не осквернувајте се со идолите нивни. Јас сум Господ, вашиот Бог: постапувајте според Моите заповеди, пазете ги уредбите Мои и исполнувајте ги. Празнувајте ги Моите саботи за да бидат знак меѓу Мене и вас, па да знаете, дека Јас сум Господ, вашиот Бог.« Но и синовите се побунија против Мене – не постапуваат по Моите заповеди и уредбите Мои не ги пазат, не го исполнуваат она преку кое човекот, откако ќе го исполнува, ќе биде жив; ги нарушуваат Моите саботи – и Јас реков: ќе го излијам врз нив Својот гнев, ќе ја исцрпам над нив Мојата јарост во пустињата; но јас ја отклонив раката Своја и заради името Мое постапив инаку, за да не се хули тоа пред народите, пред чии очи ги изведов. Исто така, кога ја подигнав раката Своја во пустињата, се заколнав дека ќе ги расфрлам меѓу народите и развеам по земјите, бидејќи тие Моите наредби не ги извршуваа, заповедите Мои ги отфрлија и ги нарушуваа Моите саботи, а очите нивни се свртуваа кон идолите на нивните татковци. Им дозволив закони и наредби што не се добри, од кои тие не можеа да бидат живи, им допуштив и да се осквернуваат со своите жртвени приноси, кога почнаа да префрлуваат преку оган секој прв плод од утробата, за да ги разорам, па да знаат, дека Јас сум Господ. Затоа зборувај му на домот Израилев, сине човечки, и кажи му – вака вели Господ Бог: »еве со што уште Ме хулеа вашите татковци, кога вероломно постапуваа против Мене: Јас ги одведов во земјата, која со клетва им ја ветив дека ќе им ја дадам, откако ја подигнав раката Своја, а тие, штом здогледаа по некој висок рид и некое разгрането дрво, почнаа таму да ги колат своите жртви и ги ставаа таму своите приноси за мене со навреда и своите благопријатни кадива, извршувајќи ги таму и своите преливи. А Јас им реков – каква е таа височинка, каде што одите? Затоа таа и до ден денс се вика Бама.« Ете затоа, кажи му на домот Израилев – вака вели Господ Бог: Зар не се осквернувате по примерот на вашите татковци и зар не блудстувате со нивните гадотии? Принесувајќи ги даровите свои и префрлувајќи ги синовите свои преку оган, вие се осквернувате со сите ваши идоли до овој ден – па сакате да Ме прашате ли, доме Израилев? Жив да сум Јас, вели Господ Бог, нема да ви одговорам. И она, што ви паѓа на ум, никако нема да се изврши. Вие велите: »ќе му служиме на дрвото и на каменот како незнабошците, како племињата од други земји.« Жив да сум Јас, вели Господ Бог; со силна рака и протегната мишка, изливајќи јарост, ќе господарам над вас. И ќе ве изведам Јас од кај народите и од земјите, по кои сте распрастани, и ќе ве соберам со силна рака и со протегната мишка, изливајќи јарост. И ќе ве доведам во пустињата на народите и таму ќе се судам со вас лице во лице. Како што се судев со татковците ваши во пустињата на Египетската земја, така ќе се судам и со вас, вели Господ Бог. И ќе ве преведам под стап и ќе ве ставам во оковите на заветот. И ќе ги одделам од вас отстапниците и непокорните. Ќе ги изведам од земјата, каде што живеат, но во земјата Израилева тие нема да влезат, – и ќе познаете, дека Јас сум Господ. А вие, доме Израилев, така вели Господ Бог – секој од вас оди при идолите свои и им служи, не слушајќи Ме Мене, но не осквернувајте го повеќе светото име Мои, со вашите дарови и со вашите идоли, зашто на Мојата Света Гора, на високата планина Израилева – вели Господ Бог – таму ќе Ми служи сиот Израилев дом, целиот, колку што го има на земјата; таму ќе ги примам со благоволение и таму ќе ги побарам приносите ваши и првините ваши со сите ваши светињи. Ќе ве примам како благопријатно кадиво, кога ќе ве изведам од народите и ќе ве соберам од земјите, по кои сте распрснати и ќе се светам во вас пред очите на народите. Па ќе познаете, дека Јас сум Господ, кога ќе ве воведам во земјата Израилева – во земја, за која се заколнав на татковците ваши, откако ја подигнав раката Своја. И ќе се сетите таму за вашите патишта и за сите ваши дела, со кои се осквернувавте, па ќе се гадите од самите себе, за сите ваши злодела, што сте ги вршеле. И ќе познаете дека Јас сум Господ, кога ќе почнам да постапувам со вас заради името Свое, не според вашите лоши патишта и вашите развратни дела, доме Израилев, вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, сврти го лицето свое на патот кон југ и кажи збор против пладнето и искажи пророштво врз гората во полето јужно. И кажи ѝ на јужната гора: чуј го словото Господово – така вели Господ Бог: Еве Јас ќе запалам во тебе оган и тој ќе го проголта секое зелено дрво и секое суво дрво во тебе; и нема да угасне разбаботениот пламен, и тој ќе изгори сѐ од југ до север.« И секое тело ќе види, дека Јас, Господ Бог, го запалив и тој нема да угасне. А Јас реков: »О, Господи Боже, тие велат за мене: – не зборува ли приказни?« И би слово Господово до мене: »Сине човечки, сврти го лицето свое кон Ерусалим и кажи слово против светилиштата, изречи пророштво против земјата Израилева. И кажи ѝ на земјата Израилева – вака вели Господ Бог: еве, Јас сум против тебе, и ќе го извадам Мојот меч од ножницата негова и ќе истребам кај тебе праведник и грешник. А за да истребам кај тебе праведник и грешник, Мојот меч ќе излезе од ножницата своја против секое тело од југ до север. И секое тело ќе узнае, дека Јас, Господ, сум го извлекол Мојот меч од ножницата негова, и тој нема веќе да се врати. А ти, сине човечки, плачи како да ти се бедрата прекршени и офкај пред очите нивни. А кога ќе те прашаат: ‚зошто офкаш‘, кажи: ‚поради гласот што доаѓа‘, – од кој ќе замре секое срце и сите раце ќе малаксаат, и секој дух ќе се нажали, и сите колена ќе затреперат како вода. Ете, тоа ќе дојде и ќе се случи«, вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, изречи пророштво и кажи – вака вели Господ Бог: кажи – меч, мечот е наострен и светнат. Наострен за да коле повеќе; светнат за да болска како светкавица. Да се радуваме ли, дека жезалот на Мојот син го презира секое дрво? Наредив да го светнат, за да го земам в рака; веќе е наострен тој меч и светнат, за да го дадам во раката на убиецот. Стенкај и плачи, сине човечки, за тоа што е тој против Мојот народ, против сите кнезови Израилеви: сите тие ќе бидат со Мојот народ предадени на меч – затоа удирај се по бедрата. Бидејќи тој е веќе испробан. Па што, ако тој го презира и жезалот? Тој нема да устои«, вели Господ Бог. А ти, сине човечки, пророкувај и плескај со рацете – и мечот ќе се удвори и ќе се утрои, мечот за поразените, мечот за пораз на големиот меч, кој проникнува во внатрешноста на нивните живеалишта. За да се стопат срцата и за да бидат паднати повеќе, Јас пред сите нивни порти ќе поставам страшен меч, кој ќе болска како светкавица, наострен за клање. Приготви се, мечу, и оди десно или лево и онаму каде што ќе ти се сврти лицето твое. А Јас ќе ракоплескам и ќе го стивнам гневот Свој; Јас, Господ, го кажав тоа. И би слово Господово до мене: »А ти, сине човечки, размисли за две патеки по кои треба да мине мечот на царот вавилонски – и двете патеки треба да излезат од една земја, па нацртај рака, нацртај при раскрсницата на патиштата за градовите. Претстави го патот, по кој треба да мине мечот во Рава на синовите Амонитски и во Јудеја, во утврдениот град Ерусалим, зашто вавилонскиот цар застана на крстопатот, при почетокот на двете патеки за да претскажува: ги прегледува стрелите, ги прашува идолите, гледа на црн дроб. Во неговата десна рака баењето е: ‚во Ерусалим‘, каде што треба да постави убојни справи, да ја отвори устата за сечење, да го подигне гласот за боен повик, да ги дотера машините до портите, да насипе опкоп, да изгради опсадни кули. Тоа вражање се виде во очите нивни лажно; но, бидејќи беа се заколнале со клетва, тој, откако се сети на нивното вероломство, реши да го преземе.« Затоа, вака вели Господ Бог: »Бидејќи вие самите го спомнувате вашето беззаконие, правејќи ги вашите престапи јавно и покажувајќи ги вашите гревови во делата свои, и самите го спомнувате тоа, затоа вие ќе бидете фатени од нив. А ти, недостоен, престапни водачу Израилев, тебе денес ти дојде денот, кога на неговото бесчестие ќе биде ставен крај.« Така вели Господ Бог: »Симни ја од себе круната и извади го венецот, и веќе не ќе го имаш; понизеното ќе се издигне, а високото ќе се снизи. Ќе го уништам, ќе го уништам, ќе го уништам – и нема веќе да го има, сѐ додека, не дојде Оној, Кому тој Му припаѓа, и Нему ќе му го дадам.« А ти, сине човечки, изречи пророштво и кажи – вака вели Господ Бог, за синовите Амонови и за нивната хула, па кажи: »мечот, изваден е за клање, светнат за истребување, за да болска како светкавица, па, додека ти кажуваат суетни виденија и лажливо гатаат тебе да те стават кај обезглавените грешници, чиј ден дојде, кога на бесчестието ќе му биде ставен крајот. Да го вратам ли во ножницата негова? На местото, каде што си ти создаден, на земјата, од каде што си произлегол, ќе ти судам – и ќе го излеам врз тебе Моето негодување, ќе дувнам врз тебе со огнот на јароста Своја и ќе те предадам во рацете на луѓе свирепи, вешти во убивање. Ти ќе му станеш храна на огнот, твојата крв ќе остане на земјата; нема да се сетат за тебе; оти Јас, Господ, го кажав тоа.« И би слово Господово до мене: »А ти, сине човечки, сакаш ли да судиш, да го судиш крвавиот град? Искажи му ги сите негови гадотии. И кажи – вака вели Господ Бог: – О, граде, кој проливаш крв среде себе, за да дојде времето твое, и кој си правиш идоли, за да се осквернуваш, со крвта, што си ја пролеал, се обвинуваш, и со идолите, што си ги направил, се осквернуваш себеси, се приближија деновите твои и достигна времето твое. Затоа ќе те предадам за потсмев на народите, за поруга на сите земји. Твоите блиски и твоите далечни ќе ти се смеат, зашто го оскверни името свое и се прочу со беззаконијата свои. Ете, началниците Израилеви, секој според силите свои, што беа кај тебе, решија крв да пролеваат. При тебе татко и мајка хулат, придојден навредуваат среде тебе, сирак и вдовица измачуваат во тебе, светињите Мои не го почитуваш и саботите Мои ги нарушуваш. При тебе има клеветници, крв што пролеваат и по планините јадат идолски жртви, среде тебе вршат гадотии. Кај тебе ја откриваат голотијата на татка си, изнасилуваат жени во времето, кога тие се чистат од нечистотиите свои. Еден врши осквернување со жената на блискиот свој, друг ја осквернува снаата своја, трет ја напаѓа сестрата своја, ќерката на таткото свој. Кај тебе се зема поткуп, за да се пролева крв; ти земаш лихва и дарови и со сила изнудуваш добра од ближниот свој, а Мене Ме заборави, вели Господ Бог. И ете, Јас плеснав со рацете за твоето користољубие, што се разоткрива кај тебе, и за крвнината, кој се извршува кај тебе. Ќе устои ли твоето срце, ќе бидат ли цврсти рацете твои во деновите, кога ќе дејствувам против тебе? Јас, Господ, велам – и ќе извршам. Ќе те распрснам меѓу народите, ќе те развеам по земјите и ќе ставам крај на твоите гадотии кај тебе. И сам ќе си направиш за да бидеш презрен пред очите на народите, па ќе познаеш, дека Јас сум Господ.« И би слово Господово до мене: »Сине човечки, домот Израилев стана во мене згура: тие сите се калај, бакар, железо и олово во печка; станаа како сребрена згура. Затоа, така вели Господ Бог: ‚Бидејќи сите вие станавте згура, затоа, еве, Јас ќе ве соберам во Ерусалим. Како што во печка ги ставаат заедно среброто, бакарот, железото, оловото и калајот, за да раздуваат врз нив оган и да ги растопат, така во гневот Свој и во јароста Своја ќе ве кутнам, ќе ве ставам и ќе ве растопам. Ќе ве соберам и ќе дувнам врз вас оган од Моето негодување и ќе се растопите во него; како среброто што се топи во печката, така ќе се растопите и вие и ќе познаете, дека Јас сум Господ, Кој ја излева јароста Своја врз вас.‘« И би слово Господово до мене: Сине човечки, кажи му: »Ти си земја неисчистена, не поливана со дожд во гневен ден.« Пророците нејзини се согласија како лав што рика, кој го раскинува пленот; тие јадат души, одземаат имоти и драгоцености и со тоа го умножуваат бројот на вдовиците. Свештениците нејзини го нарушуваат Мојот закон и ги осквернуваат Моите светињи, не одвојуваат свето од несвето и не прават разлика меѓу чисто и нечисто; од саботите Мои ги покриваат очите свои, и Јас сум понизен меѓу нив. Кнезовите нејзини се како волци, кои грабаат плен, проливаат крв, погубуваат души, за да продобијат корист. А пророците нејзини сѐ замачкуваат со кал, гледаат суета и им претскажуваат лага, велејќи: »така вели Господ Бог«, иако Господ не рекол така. А меѓу народот се угнетуваат еден со друг, грабаат и присилуваат беден и сиромав, и неправедно угнетуваат придојден. Јас барав кај нив човек, врз кого ќе ставам темел, за да застане пред Мене во падот поради оваа земја да не ја загубам, но не најдов. Па затоа, ќе го излеам врз нив Моето негодување, со огнот на Мојата јарост ќе ги истребам, нивното лошо однесување ќе го свртам на главите нивни, вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, имаше две жени, ќерки на една мајка. И блудствуваа тие во Египет, блудствуваа додека беа млади; таму ги фаќаа градите нивни, и таму ги изгмечија нивните девствени гради. Имињата нивни беа: големата се викаше – Охола, а сестра ѝ – Охолива. И тие беа Мои и раѓаа синови и ќерки; Охола се викаше Самарија, а Охолива – Ерусалим. И Почна Охола да ме изневерува и се приближи кон љубовниците свои, кон Асирците, кон соседите свои, кон оние што се облекуваа со облеки од порфир, кон обласните началници и градските управители, кон сите убави момчиња, коњаници, што јаваа на коњ. И живееше бесрамно со сите тие избрани синови на Асура и се осквернуваше себеси со сите идоли на секој од нив, кон кого се прилепуваше; не престануваше да блудствува и со Египтјани, бидејќи тие спиеја со неа во младоста нејзина и ги стискаа градите нејзини и ја изливаа врз неа својата похот. Затоа и Јас ја предадов во рацете на милениците, во рацете на Асуровите синови, кон кои таа се придружи. Тие ја открија голотијата нејзина, ги зедоа синовите и ќерките нејзини, а неа ја убија со меч. И таа стана за потсмев меѓу жените, кога ја извршуваа пресудата врз неа. Сестра ѝ Охолива го виде тоа и стана уште поразвратна во љубовта своја, и блудството нејзино го надмина блудството на сестра н. Таа се прилепи до Асуровите синови, до обласните началници и градските управители, соседи нејзини, богато облечени, коњаници што јаваа на коњи, кон сите одбрани момци. Јас видов дека таа се оскверни и дека обете одат по ист пат. Но таа уште повеќе ги умножи блудствата свои, зашто, кога виде насликани мажи на ѕидот, обоени ликови на Халдејци, кои беа со појас опашани до крстот и со богати преврски на главата и кои изгледаа како воени началници, што прилегаат на вавилонските синови, чија татковина е земјата Халдејска; таа се вљуби во нив на прв поглед со очите свои и испрати при нив пратеници во Халдеја. И вавилонските синови дојдоа при неа во љубовното легло и ја осквернија со своето блудство, а преку нив и таа се оскверни и душата нејзина се одврати од нив. Кога, пак, се оддаде јавно на своето блудство и ја откри голотијата своја, тогаш се одврати од неа и Мојата душа, како што се одврати душата Моја од сестрата нејзина. И таа ги зголемуваше своите блудства, спомнувајќи ги деновите на младоста своја, кога блудствуваше во Египетската земја. И се прилепи кон своите миленици, чие тело е како тело на осел, и похотта како на коњи. Така ти се присети на бесрамноста во твојата младост, кога Египтјаните ги стискаа твоите гради, заради младоста нивна.« Поради тоа, Охоливо, вака вели Господ Бог: »Еве Јас ќе ги подигнам против тебе твоите миленици, од кои се одврати душата твоја, и ќе ги доведам против тебе од сите страни; синовите на Вавилон, и сите Халдејци, од Пеход, од Шоа и Коа, и со нив сите Асурови синови, убави момци, обласни началници и градски управители, големците и познатите, сите вешти јавачи; и ќе дојдат против тебе од север и многу бојни коли со многу народ, ќе те опседнат од сите страни, со штитови, со шлемови и оклопи. Ним ќе те предадам на суд и тие ќе ти судат со својот суд. И ќе ја свртам Мојата ревност против тебе и со тебе ќе постапат гневно: ќе ти го отсечат носот и ушите, а она што ќе остане, ќе падне од меч; ќе земат од синовите твои и од ќерките твои, а она, што ќе остане од оган ќе загине; ќе ти ги соблечат облеките твои и ќе ти ги земат накитите твои. Така ќе ставам крај на твојата расипаност и на твоето блудствување, што го вршеше во Египетската земја, и нема да ги свртуваш кон нив очите свои, и за Египет нема повеќе да си спомнуваш.« Оти, така вели Господ Бог: »Еве, Јас те предавам во рацете на оние, кои ти ги замрази, во рацете на оние, од кои се одврати душата твоја. И ќе постапат со тебе жестоко; ќе ти земат сѐ, што е со труд заработено, ќе те остават гола и непокриена, и откриена ќе биде твојата срамна голотија, твојот блуд и бесчестие. Тоа ќе стане со тебе поради твоето блудствување со народите, со чии идоли ти се оскверни. Ти одеше по патот на сестрата своја; затоа и ќе ти ја дадам в рака чашата нејзина.« Така вели Господ Бог: »Ти ќе пиеш од длабоката и широката чаша на сестрата своја и ќе се изложиш на потсмев поради нејзината големина. Со пијанство и тага ќе бидеш исполнета: од чашата на ужасот и запустувањето, од чашата на сестра ти Самарија. И ќе ја испиеш и ќе ја пресушиш, парчињата нејзини ќе ги оближеш и градите свои ќе ги издраскаш, оти Јас го реков тоа«, вели Господ Бог. Затоа, вака вели Господ Бог: »Бидејќи ти Ме заборави и се откажа од Мене, па трпи сега заради својот грев и поради своето блудствување.« И ми рече Господ: »Сине човечки, сакаш ли да им судиш на Охола и на Охолива? Кажи им ги нивните гнасотии; оти тие прељубодејствуваа и крв има на рацете нивни, и со идолите свои прељубодејствуваа, а синовите свои, што Ми ги родија, преку оган ги пренесоа како храна за нив. Ете, што Ми правеа: го осквернуваа светилиштето Мое во ист ден и ги нарушуваа саботите Мои; оти кога ги колеа децата свои за своите идоли, во истиот ден доаѓаа во светилиштето Мое, за да го осквернат; ете, како постапуваа тие во Мојот дом. Освен тоа, праќаа и по луѓе, што доаѓаа оддалеку; праќаа при нив пратеници и, ете, тие доаѓаа, и ти за нив се капеше, ги дотеруваше очите свои и со накити се китеше. Седеше на убаво легло, пред кое имаше маса и на неа ги ставаше Моите благопријатни кадива и Мојот елеј. Се слушаше гласот на народот, кој ликуваше, и при луѓето од народот доведуваа пијаници од пустињата; и на рацете нивни ставаа гривни а на главите нивни – украсени венци. Тогаш реков за остарената во прељубодејство: ‚Сега ќе се свршат блудствувањата нејзини заедно со неа‘. Но доаѓаа при неа: доаѓаа како што се доаѓа кај жена блудница, така доаѓаа кај Охола и кај Охолива, при тие растурени жени. Но мажи праведни ќе ги судат со суд за прељубодејки и со суд за крвопроливачки, оти тие се прељубодејки и по нивните раце има крв. Така вели Господ Бог: да се свика против нив собрание и да ги предадат на мака и грабеж. И собранието ќе ги убие со камења и ќе ги испосече со мечевите свои, ќе ги убие синовите нивни и ќерките нивни и со оган ќе ги изгори куќите нивни. Така ќе го ставам крајот на расипаноста на таа земја и сите жени ќе го имаа тоа како пример, па нема да вршат срамни работи како вас. И ќе го свртат вашето бесчестие против вас, па ќе претрпите казна за гревовите за вашите идоли, и ќе познаете, дека Јас сум Господ Бог.« И би слово Господово до мене во деветтата година, десеттиот месец, во десеттиот ден од месецот: »Сине човечки, запиши го името на овој ден, на овој ист ден: во тој ист ден вавилонскиот цар ќе настапи против Ерусалим. Изречи пророштво против отстапничкиот дом и кажи им – вака вели Господ Бог: ‚стави котел, стави и наполни го со вода; стави во него парчиња месо, сите парчиња да бидат најдобри, колкови и плешки и наполни го со одбрани коски; земи одбрани овци и стави под нив коски и вари ги додека и коските не се разварат во него.‘« Затоа вака вели Господ Бог: »Тешко му на крвничкиот град, тешко на котелот во кој има бигор и од кој бигорот не се вади; парче по парче исфрлајте од него; но жреб не фрлајте за него. Зашто крвта негова е во него; тој ја остави на гол камен; не ја проли врз земјата, каде што би можело да се покрие со прав. За да предизвикам гнев за извршување на одмаздата, Јас ја оставив крвта на гол камен, за да не се покрие.« Затоа, така вели Господ Бог: »Тешко му на крвавиот град, и Јас ќе ставам голем оган; притури дрва, распали го огнот, развари го месото; сето тоа нека се згусти, а коските да се изгорат. И кога котелот ќе остане празен, стави го врз јаглен за да се вжешти и усвити неговиот бакар, па нечистотијата негова да се стопи во него, и сиот бигор да исчезне. Трудот ќе биде тежок; но многуте бигори нема да се извадат од него; дури и во огнот од бигорот ќе остане во него. Во твојата нечистотија има таква гадотија, што колку и да те чистам, ти сѐ уште ќе останеш нечист; од твојата нечистотија ти и во иднина нема да се очистиш, сѐ додека не се исполни гневот Мој врз тебе. Јас, Господ, Јас го зборувам ова: тоа ќе дојде, Јас ќе го извршам; нема да го одменам, нема да поштедам и нема да се смилувам. Според твоите патишта и според твоите дела ќе ти судам«, вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, еве, Јас преку поразот ќе ти ја земам утехата на твоите очи; но ти да не тажиш и не плачи и слози не пролевај. Воздивнувај тивко, не оплакувај го умрениот; врзи си шамија и обувај ги нозете свои со твоите обувки, брадата не покривај ја и леб од туѓи луѓе не јади.« И, откако утрината му зборував на народот, вечерта умре жената моја и на вториот ден направив, така како што ми беше заповедано. И ми рече народот: »Нема ли да ни кажеш какво значење има за нас што го правиш тоа?« Им одговорив: кон мене би слово Господово: »Кажи му на домот Израилев – така вели Господ Бог – еве, Јас ќе го препуштам светилиштето Свое на поруга, потпора на силата ваша, утеха на очите ваши и радост на душите ваши, а вашите синови и вашите ќерки, што ги оставивте, ќе паднат од меч. И вие ќе го правите истото што го правев и Јас; брадата нема да ја сокривате и леб од туѓинци нема да јадете. И шамиите ваши ќе бидат на главите ваши, и обувките ваши на нозете ваши; нема да тажите и да плачете, туку ќе чезнеете поради вашите гревови и ќе воздивнувате еден пред друг. А Језекиил ќе ви биде знак за сето тоа што он го направи, и вие ќе го правите тоа; и кога ќе се збидне тоа, ќе познаете, дека Јас сум Господ Бог. А што се однесува до тебе, сине човечки, во оној ден, кога ќе го земам од нив украсот на славата нивна, утехата на очите нивни, и радоста на душите нивни, синовите нивни и ќерките нивни, во тој ден ќе дојде при тебе оној што се спасил оттаму за да те извести. Во тој ден пред спасениот ќе ти се отвори устата твоја и ти ќе зборуваш и нема веќе да бидеш безгласен, а ќе станеш знак за нив и ќе познаат, дека Јас сум Господ.« И би слово Господово до мене: »Сине човечки«, сврти го лицето свое кон синовите Амонови и кажи пророштво против нив, и речи им на синовите Амонови: »Чујте го словото на Господа Бога: така вели Господ Бог – бидејќи за Моето светилиште се вели: ‚о, о,‘ а тоа е навреда и за Израилевата земја, оти таа е опустошена, и за домот Јудин, бидејќи тие отидоа во ропство. Затоа, еве, Јас ќе те дадам во наследство на синовите од Исток и ќе направат при тебе колиби, ќе распнат кај тебе шатори и ќе ги јадат плодовите твои и ќе го пијат млекото твое. Рава ќе ја направам обор за камили, и синовите Амонови – овчари, па ќе познаете, дека Јас сум Господ.« Затоа вака вели Господ Бог: »Бидејќи ти плесна со рацете и тропна со ногата, со сиот презир кон земјата Израилева, душевно се зарадува, еве, Јас, ќе ја протегнам раката Своја против тебе и ќе те предадам да те разграбаат народите, и ќе те истребам од бројот на народите и ќе те избришам од бројот на земјите; ќе те уништам и ќе познаеш, дека Јас сум Господ.« Така вели Господ Бог: »Бидејќи Моав и Сеир велат: ете и домот Јудин е како сите народи. Еве, Јас ќе ја откријам земјата Моавска од крај до крај, за да остане без градовите што им беа украс на земјата: Бет – Јесимот, Валмеон и Киријатаим, за синовите од Исток и ќе им го дадам во наследство заедно со синовите Амонови, та синовите Амонови да не се спомнуваат повеќе меѓу народите. И Моав ќе го судам, па ќе познаат, дека Јас сум Господ.« Така вели Господ Бог: Бидејќи Едом жестоко му се одмаздуваше на домот Јудин и тешко згреши, со тоа што им се одмаздуваше, вака вели Господ Бог: »Ќе ја протегнам раката против Едом и ќе ги истребам при него луѓето и добитокот и ќе го направам пустиња. Од Теман до Дедан, сите ќе паднат од меч. И ќе му се одмаздам на Едом преку раката на Мојот народ, Израилот; и тие ќе дејствуваат во Идумеја по Мојот гнев и Моето негодување, па ќе го познаат Моето одмаздување«, вели Господ Бог. Така вели Господ Бог: »Затоа што Филистејците постапија со одмазда и се одмаздуваа со презир во душата за погибел, со вечна омраза, така вели Господ Бог – еве, ќе ја протегнам раката Своја над Филистејците, ќе ги истребам оние од Крит и ќе го уништам нивниот остаток покрај морскиот брег; и ќе извршам над нив голема одмазда со жестоки казни; па ќе познаат дека Јас сум Господ, кога ќе го извршам над нив Моето одмаздување.« Во единаесеттата година, во првиот ден од првиот месец, би слово Господово до мене: »Сине човечки, поради тоа што Тир ликуваше над Ерусалим: ‚о, о‘, се скрши вратата на народите, и тие се обрнаа кон Мене; ќе се збогатам – тој е опустошен. Така вели Господ Бог, еве, Јас сум против тебе, граде Тире, и ќе кренам против тебе многу народи како морето што ги крева брановите свои. И ќе ги разбијат ѕидовите на Тир и ќе ги разрушат кулите негови; и ќе го изметам правот негов и ќе го направам гол камен. Ќе биде место за простирање мрежи во морето; зашто Јас го реков тоа, вели Господ Бог, и ќе биде разграбен од народите. А ќерките негови, што се во земјата, ќе бидат со меч убиени и ќе познаат, дека Јас сум Господ.« Оти така вели Господ Бог: »Еве, против Тир ќе го доведам од север Навуходоносор, вавилонскиот цар, царот над царевите, со коњи и со коли, со коњаница и со војска и со многуброен народ. Тој со меч ќе ги убие ќерките твои во земјата, ќе подигне против тебе опсадни кули, ќе направи опкоп против тебе и ќе постави штитови против тебе; Ќе донесе машини за разбивање ѕидови до самите ѕидови и ќе ги разруши кулите твои со секири. Од многуте негови коњи прав ќе те покрие, од шумот на јавачите, на тркалата и на колите ќе се затресат ѕидовите твои, кога ќе влезе во портите твои, како што се влегува во разбиен град. Со копитата на коњите свои ќе ги изгази твоите улици, народот твој со меч ќе го убие и спомениците на твојата сила на земјата ќе ги соборува. И ќе го разграбат твоето богатство, ќе ја пленат твојата стока, ќе ги разрушат твоите ѕидови, ќе ги урнат твоите убави домови, твоите камења и твоите дрвја и земјата твоја ќе ја фрлат во вода. И ќе престане гласот од твоите песни и звукот од твоето гусле нема повеќе да се слуша; и ќе те направам гол камен, ќе станеш место за простирање мрежи; нема да бидеш одново изграден, зашто Јас, Господ, го реков тоа«, вели Господ Бог. Така вели Господ Бог кон Тир: »Од потресот на твоето паѓање, од офкањето на ранетите, кога ќе се извршува над тебе убивањето, нема ли да затреперат островите? И ќе слезат од престолите свои сите кнезови на морето, ќе ги соблечат од себе своите наметки, ќе ги симнат од себе своите везени облеки, ќе се облечат во трепет, ќе седнат на земја и секоја минута ќе треперат и ќе се чудат заради тебе. И ќе почнат да плачат за тебе и ќе ти речат: ‚Како пропадна, славни граде, во кој живеат поморци, народ силен по морето, ти и жителите твои кои влеваа страв на сите оние, што живееја во тебе!‘ Сега, во денот на твоето паѓање, затреперија островите, островите морски се смутија од твојата погибел. Оти така вели Господ Бог: кога ќе те направам запустен град, како ненаселените градови, кога ќе ја подигнам против тебе бездната и ќе те покријат големи води, тогаш ќе те соборам со оние, што слегуваат во гроб, при оние што порано постоеле, и ќе те ставам во долната земја, во вечната пустиња, со спуштените во гроб, за да не бидеш веќе населен; и ќе ја објавам славата во земјата на живите. За ужас ќе те направам, и нема да те има; ќе те бараат, но повеќе нема да те најдат никогаш«, вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »А ти, сине човечки, викни, па заплачи по Тир. И кажи му на Тир, кој се населил при влезот на морето, и тргува со народите од многу острови – вака вели Господ Бог: Тире, ти велиш: ‚јас сум совршена убавина.‘« Твоите предели се во срцето на морињата; твоите градители совршено ја изградиле твојата складност; од сенирски кипариси ги направија сите твои подови; зедоа од Ливан кедри, за да ти направат јарболи; од васански дабови правеа весла; столовите ги правеа до буково дрво, ишарано со слонова коска од Китимските острови, шарени платна египетски употребуваа за едра и служеа како знаме; сини и пурпурни ткаенини се земаа од Елиските острови за покривала. Жителите сидонски и арвадски ти беа стругари; Тире, ти имаше вешти луѓе; тие ти беа кормилари. Старешините од Гевал и неговите вешти луѓе ти служеа за разни поправки; ти имаше секакви морски кораби и едрењаци, кои ти служеа за тргување. Персијците, Ливијците и Лидијците се наоѓаа во твојата војска и ти беа војници; закачуваа по тебе штитови и шлемови; тие ти придаваа величие. Синовите Арватски со твојата сопствена војска стоеја наоколу по твоите ѕидови; и Гамадимците стоеја на кулите твои; тие беа ги закачиле своите штитови по твоите ѕидови наоколу; и тие ти ја претставуваа твојата убавина. Тарсис, твојот трговец, располагајќи со различно богатство, за стоките твои плаќаше сребро, железо, олово и калај. Јаван, Тувал и Месех тргуваа со тебе, разменувајќи ги стоките за човечки души со бакарни садови. Од домот на Тогарма ти донесуваа за стоките твои коњи, коњаници и маски. Синовите на Дедан тргуваа со тебе; многу острови вршеа со тебе размена, ти плаќаа со слонова коска и абанос. Поради големото твое трговско богатство, тргуваа со тебе и Арамејците; за стоките твои ти плаќаа со смарагд, пурпурно шарени ткаенини и висон, со корали и рубини. Јудеја и земјата Израилева тргуваа исто така со тебе; за твојата стока ти плаќаа со пченица, мириси и мед, елеј и балсам. Дамаск поради богатството во стоки, поради изобилието на секакви работи, ти донесуваше хелвонско вино и бела волна. Дан и Јаван од Узал ти плаќаа за твоите стоки со изработки од железо, касија и цимет, за размена. Со тебе тргуваше и Дедан со скапоцени волнени покривки за седла. Арабија и сите кидарски кнезови вршеа размена со тебе: на јагниња, овни и кози. Трговците од Сава и Рама тргуваа со тебе со секакви најблагопријатни мириси и со секакви скапоцени камења, и злато ти плаќаа за твоите стоки. Харан, Кан и Еден, савските трговци, Асун и Хилмат исто така тргуваа со тебе. Тие ти продаваа скапоцени облеки од свилени и шарени материи што ги носеа на пазарите твои во скапи сандаци, направени од кедар и добро врзани. Тарсиските кораби беа твои каравани во трговијата, и ти стана богат и многу славен меѓу морињата. Весларите твои те одведоа во големите води; источниот ветар те разби среде морињата. Твоето богатство и твоите стоки, сите твои ризници, твоите бродари и твоите кормилари, кои ги поправаа твоите кораби, и ја пренесуваа твојата трговија, сите твои војници, какви што ги имаше и сето множество народ твој, при твоето паѓање ќе паднат во срцето на морето. Од пискотот на твоите кормилари ќе затреперат и околните места. И ете од корабите ќе излезат сите веслари, бродари, сите кормилари морски и ќе излезат на земјата. Со висок глас ќе заплачат за тебе и тешко ќе заофкаат, ставајќи си пепел на главите свои и валкајќи се во прав. Ќе ја истрижат за тебе косата своја до черепот, а ќе опашаат вреќишта и со горчлив плач ќе заплачат за тебе од душевна мака. И во тагата своја ќе предизвикаат кај тебе жална песна, и така тие ќе заплачат за тебе: »Кој е како Тир, така разрушен среде морињата!« Кога доаѓаа од морињата твоите стоки, ти задоволуваше многу народи; со големото богатство и со трговијата ти ги богатеше царевите на земјата. А кога беше ти разбиен од морињата во водената бездна, твоите стоки и сиот твој народ потона. Сите жители на островите се запрепастија за тебе и царевите нивни почнаа да треперат, лицата им се изменија. Трговците на другите народи си потсвиркуваа за тебе; ти стана како страшило и нема веќе да те има засекогаш. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, кажи му на началникот на Тир – вака вели Господ Бог: затоа што го издигна срцето свое и велиш: ‚Јас сум бог, седам на божји стол, во срцето на морињата‘, и бидејќи човек си, а не бог, го заменуваш твојот ум со умот на Бога, ете, како да си помудар од Даниила; и нема тајна, сокриена од тебе; со мудроста своја и со разумот свој ти се здоби со богатство и во своите ризници собра злато и сребро; со големата мудрост своја преку трговијата своја ти го зголеми богатството свое, затоа, вака вели Господ Бог: – Бидејќи го изедначуваш твојот ум со умот на Бога, еве, Јас ќе доведам против тебе другоземци, највешти меѓу народите, и тие ќе ги извадат своите мечеви против убавината на твојата мудрост и ќе го помрачат твојот блесок; тие ќе те турнат во гроб и ќе умреш во срцето на морињата, со смрт на убиени. Ќе речеш ли тогаш пред твојот убиец: ‚јас сум бог‘, кога во раката на оној, што ќе те убива, ти ќе бидеш човек, а не бог? Ти ќе умреш од раката на другоземци со смрт како необрезан; оти Јас го реков тоа«, така вели Господ. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, плачи за тирскиот цар и кажи му: – вака вели Господ Бог: ти си печат на совршенство, полнота на мудроста и венец на убавината. ти беше во Едем, во Божјата градина; твоите облеки беа украсени со секакви скапоцени камења: рубин, топаз, дијамант, хризолит, оникс, јаспис, сапфир, карбункул, смарагд и злато, сите вешто исткаени и нанижани на тебе, приготвени во денот кога беше создаден. Ти беше помазан херувим за да осенува, и Јас те поставив за тоа; ти беше светата Божја гора, одеше среде огнени камења. Ти беше совршен во патиштата свои, од денот кога беше создаден, сѐ додека не се најде во тебе беззаконие. Од твојата проширена трговија утробата твоја се исполни со неправда и ти згреши; и Јас те соборив како нечист од Божјата гора, те истерав тебе, херувиме, што осенуваше, среде огнени камења. Од убавината твоја се возгордеа срцето твое, поради богатството твое си ја загуби мудроста своја; затоа Јас ќе те соборам на земја, ќе те предадам на потсмев пред царевите. Со многуте гревови свои во неправедната твоја трговија ти ги оскверни твоите светилишта; и Јас ќе пуштам оган пред тебе, што ќе те проголта; и Јас ќе те претворам во пепел на земјата пред очите на сите, што ќе те видат. Сите, што те знаеја меѓу народите, ќе се зачудат за тебе, ти ќе станеш за ужас и нема да те има повеќе.« И би слово Господово до мене: »Сине човечки, сврти го лицето свое кон Сидон, и пророкувај против него: Ете Јас сум против тебе, Сидоне, и ќе се прославам во тебе и ќе познаат дека сум Јас Господ, кога ќе одржам суд над него и ја покажам во него Мојата светост. И ќе пратам во него помор и крв на улиците негови и ќе паднат среде него убиени од меч, кој ќе ги нападне сите одреда и ќе познаат, дека Јас сум Господ. И во иднина тој нема да биде бодлив трн за домот Израилев и причинител на болка трнлива, повеќе од сите соседи што му сакаат зло и ќе познаат, дека Јас сум Господ Бог.« Така вели Господ Бог: кога ќе го соберам домот Израилев меѓу народите, кај кои се распрснал и ќе ја објавам кај нив светоста Своја пред очите на племињата и тие заживеат во земајта своја, која му ја дадов на Мојот слуга Јакова, тогаш ќе живеат во неа безопасно и ќе си изградат куќи, ќе насадат лозја и ќе живеат во безопасност, зашто ќе извршам суд над сите наоколу што ги презираа. И тогаш ќе разберат дека Јас сум Господ Бог нивни. Во десеттата година, десеттиот месец, во дванаесеттиот ден од месецот, би слово Господово до мене: »Сине човечки, сврти го лицето свое кон Фараонот, египетскиот цар, и изречи пророштво против него и против цел Египет. Говори и кажи им – вака вели Господ Бог: еве, Јас сум против тебе Фараоне, цару египетски, голем змеју, кој лежиш по реките свои и велиш: ‚моја е реката и јас ја создадов заради себе.‘ Но Јас ќе ставам јадица во твоите челусти и на твоите лушпи; и ќе те извлечам од реките твои со сета риба на твоите реки, што се залепила на твоите лушпи; ќе те фрлам во пустиња, тебе и сета риба од твоите реки; ти ќе паднеш на откриено поле; нема да те земат и соберат; ќе допуштам да те изедат ѕверовите земни и птиците небески. И ќе познаат сите жители на Египет, дека Јас сум Господ, оти тие беа на домот Израилев потпорна трска. И кога се фатија со раката своја за тебе, ти се раскина и целото нивно рамо беше избодено; и кога се потпреа на тебе, ти се скрши и им ги изнарани сите нивни бедра.« Затоа, вака вели Господ Бог: »Еве, Јас ќе испратам против тебе меч и ќе ги истребам кај тебе луѓето и добитокот. Египетската земја ќе стане пустиња и степа; па ќе познаат, дека Јас сум Господ. Бидејќи тој вели – моја е реката и јас ја создадов, затоа, еве, Јас сум против твоите реки и Египетската земја ќе ја направам пустиња над пустињите од Мигдол до Сиена, до пределот на Етиопија. Нема да оти по неа човечка нога и нога на добиток нема да стапне на неа, и нема да се живее на неа четириесет години. И ќе ја направам земјата Египетска пустиња меѓу запустени земји; и градовите нејзини меѓу запустени градови, ќе бидат пусти четириесет години и ќе ги растурам Египтјаните меѓу народите и ќе ги распрснам по земјата. Оти вака вели Господ Бог: откако ќе изминат четириесет години, Јас ќе ги соберам Египтјаните од кај народите, каде што ќе бидат растурени. И ќе ги вратам египетските заробеници и ќе ги доведам назад во земјата Патрос, во земјата на нивното потекло и тие таму ќе преставуваат слабо царство. Тоа ќе биде послабо од другите царства и нема веќе да се гордее над народите; ќе ги смалам, за да не владеат над народите. И во иднина, тие нема да бидат потпора на домот Израилев, за да го спомнуваат нивното беззаконие, кога се обрнуваа кон него; и ќе познаат, дека Јас сум Господ Бог.« Во дваесет и седмата година, првиот месец, во првиот ден од месецот, би слово Господово до мене: »Сине човечки, Навуходоносор, царот вавилонски, ја истошти војската своја со големи работи при градот Тир: секоја глава оќелаве и секое рамо беше изнарането; но ни за него, ни за војската немаше награда од Тир за трудот што тој го употреби против него.« Затоа, така вели Господ Бог: »Еве, Јас му ја давам на вавилонскиот цар Навуходоносор земјата Египетска, за да го собере богатсвото нејзино, да изврши грабеж во неа и да однесе сѐ, што грабела таа, и тоа ќе биде награда за неговата војска. Како награда за работата, која тој ја изврши во него, Јас му ја предавам земјата Египетска, оти тој го вршеше тоа заради Мене, вели Господ Бог. Во тој ден ќе го вратам рогот на домот Израилев и тебе ќе ти ја отворам устата меѓу нив, па ќе познаат дека Јас сум Господ.« И би слово Господово до мене: »Сине човечки, изречи пророштво и кажи – вака вели Господ Бог: плачете, ете иде злочест ден. Зошто близок е денот, да, близок е денот Господен, денот мрачен; часот на народите иде. И ќе тргне меч против Египет и ужас ќе се распространи во Етиопја, кога поразените од Египет ќе паднат, кога ќе го земат богатството негово и кога основите негови ќе бидат разрушени. Етиопија, Либија, Лидија, сиот измешан народ и Хуб, како и синовите на заветната земја заедно со нив ќе паднат од меч. Така вели Господ Бог, ќе паднат потпорите на Египет и ќе падне гордоста на неговата моќ; од Мигдол до Сиена ќе паѓаат во него од меч, вели Господ Бог. И тој ќе се запусти меѓу опустошените земји и градовите негови ќе бидат меѓу опустошени градови. И ќе познаат, дека Јас сум Господ, кога ќе го пратам огнот врз Египет и сите негови сили ќе бидат скршени. Во оној ден, ќе тргнат од Мене известители со кораби за да ги уплашат безгрижните Етиопјани, и ќе се распространи меѓу нив ужас, како во денот на Египет; оти, ете, тој иде. Така вели Господ Бог: на египетскиот многуброен народ ќе му ставам крај преку раката од Навуходоносора, царот вавилонски. Тој и народот негов со него, најжестоки меѓу народите, ќе бидат доведени за погибел на таа земја и ќе ги извадат мечевите свои против Египет и ќе ја наполнат земјата со убиени. Ќе ги пресушам реките и ќе ја предадам земјата во рацете на лошите и со раката на туѓоземци ќе ја опустошам земјата и сѐ што ја исполнува. Јас, Господ, го реков тоа.« Така вели Господ Бог: »Ќе ги истребам идолите и ќе ги уништам лажните богови во Мемфис и во земјата Египетска нема повеќе да има сопственик, и ќе пратам страв во земјата Египетска. Ќе го опустошам Патрос, ќе испратам оган, во Соан и ќе одржам суд над Но. Ќе ја излијам јароста Своја врз Син, египетската тврдина, и ќе го истребам многубројниот народ во Но. Ќе испратам оган врз Египет, ќе затрепери Син и Но ќе биде разрушен. А врз Мемфис ќе нападнат непријателите среде бел ден. Младите луѓе од Он и од Бубаст ќе паднат од меч, а другите ќе бидат одведени во ропство. И во Тафнис ќе се помрачи денот кога таму ќе го скршам јаремот египетски и ќе се прекрати во него неговата горда моќ. Облак ќе го покрие и ќерките негови во ропство ќе отидат. така ќе го пресудам Египет, па ќе познаат дека Јас сум Господ.« Во единаесеттата година, во првиот месец, на седмиот ден од месецот, би слово Господово до мене: »Сине човечки, Јас веќе ја скршив мишката на Фараонот, египетскиот цар, и ете, таа уште не е преврзана, за да биде излекувана, и не е завиткана со лекарски преврски, од кои би добила сила, за да држи меч. Затоа, вака вели Господ Бог: еве Јас сум против Фараонот, египетскиот цар и ќе ги скршам мишките негови, здравата и искршената, така што мечот ќе му падне од рацете негови. Ќе ги растурам Египтјаните меѓу народите и ќе ги развеам по земјите. А мишките на вавилонскиот цар ќе ги направам јаки, во раката негова ќе му дадам Свој меч; и мишките на Фараонот ќе ги скршам и тој изнаранет ќе офка силно пред него. Ќе ги зацврстам мишките на вавилонскиот цар, а мишките на Фараонот ќе отпаднат; и ќе познаат, дека Јас сум Господ Бог, кога ќе му го дадам мечот Свој во раката на вавилонскиот цар, и тој ќе го потегне врз земјата Египетска. Ќе ги растурам Египтјаните меѓу народите и ќе ги развеам по земјата, и тие тогаш ќе познаат, дека Јас сум Господ.« Во единаесеттата година, третиот месец, на првиот ден од месецот, би слово Господово до мене: »Сине човечки, кажи му на Фараонот, египетскиот цар и на народот негов – со кого се споредуваш ти во твоето величие? Ете, Асур беше кедар ливански со убави гранки, искитен и висок; врвот негов – меѓу густи облаци. Водите го правеа да расте, бездната го издигаше, реките го опкружуваа неговиот корен и тој ги ширеше потоците свои кон сите полски дрвја. Затоа височината негова ги надминуваше висините на сите полски дрвја; на него имаше многу гранки; ветките му се умножуваа и гранките стануваа долги од многу вода кога растеше. Во неговите гранки секакви небески прици си правеа гнезда, а под гранчињата негови се раѓаа мали од секаков вид полски ѕверови, додека под сенката негова живееја многубројни народи. Тој се разубавуваше со својот висок раст, со долгите гранки, затоа што коренот му се наоѓаше покрај големи води. Кедрите во Божјата градина не го засенуваа; кипарисите не се изедначуваа со неговите гранки, и јаворите не беа толку високи колку неговите врвови; ниедно дрво во Божјата градина не можеше да се споредува со него по убавината своја. Јас го украсив со многуте гранки, така што сите едемски дрвја во Божјата градина му завидуваа.« Затоа, така вели Господ Бог: »Бидејќи израсна висок и се издигна врвот негов меѓу дебелите гранки, и срцето му се возгордеа од неговата големина, затоа јас го предадов во рацете на сопственикот на народите; тој постапи со него како што требаше да постапи; но поради неговото беззаконие Јас го отфрлив. И го исекоа туѓинците, најлути меѓу народите, па го соборија; гранките негови паѓаа по горите и по сите долини се кршеа неговите гранчиња по сите полиња, а од неговата сенка избегаа сите народи од земјата и го оставија. На неговото паднато стебло се сместија многу небески птици, а меѓу гранките – секакви полски животни. Тоа сѐ стана, за да не се гордеат со својот висок раст никакви дрвја покрај водите, да не ги издигаат врвовите свои до густите облаци и да не се допираат до него со нивната височина дрвја што пијат многу вода; оти сите тие ќе бидат предадени на смрт во пеколот заедно со синовите човечки, што порано слегнале во гроб.« Вака вели Господ Бог: »Во оној ден, кога тој слезе во гроб, Јас направив да жалат за него, ја затворив бездната поради него и ги запрев реките нејзини, ги задржав големите води и го нажалив за него Ливан, и сите полски дрвја тагуваа по него. Се затресоа од неговото паѓање. Јас ги доведов народите во трепет, кога го кутнаа во пеколот, при оние што порано слегнале во гроб, и се зарадуваа во адот сите дрвја едемски, одбраните и најдобрите на Ливан, сите што пијат вода; оти и тие слегоа со него во бездната при убиените со меч, како и неговите сојузници што живееја под сенката негова меѓу народите. Па така со кое ли од едемските дрвја се споредуваш ти по слава и величина? Но, сега заедно со едемските дрвја и ти ќе биде соборен во бездната, ќе лежиш со необрезаните, меѓу убиените од меч. Тоа Фараонот и сиот негов многуброен народ«, вели Господ Бог. Во дванаесеттата година, дванаесеттиот месец, во првиот ден од месецот, би слово Господово до мене: »Сине човечки, извикај и заплачи за Фараонот, царот египетски, и кажи му: ти си како млад лав меѓу народите и како чудовиште во морето, се фрлаш во реките свои и ги матиш водите со нозете свои и ги газиш потоците нивни. Така вели Господ Бог: Јас ќе ја фрлам врз тебе Мојата мрежа во собранието на многу народи, и тие ќе те извлечат со Мојата мрежа. И ќе те исфрлам на земја, на откриено место ќе те фрлам, и ќе слетуваат на тебе секакви небески птици, и ќе се наситуваат од тебе ѕверовите на целата земја. И ќе ги расфрлам месата твои по планините и долините ќе ги наполнам со твоите трупови. И земјата, по која одиш, ќе ја напојам со твојата крв дури до планините; и потоците ќе бидат исполнети со тебе. А кога ќе угаснеш, ќе го покријам небото и ѕвездите на него ќе ги потемнам, сонцето со облак ќе го покријам и месечината нема да свети со светлината своја. Сите светила што светат на небото ќе ги затемнам над тебе и врз твојата земја ќе пратам мрак, вели Господ Бог. Ќе го доведам во смут срцето на многу народи, кога ќе разгласам за твоето паѓање меѓу народите по земјите, кои ти не ги познаваше. И преку тебе ќе ги доведам во ужас многуте народи и царевите нивни ќе затреперат со страв за тебе, кога ќе го размавтам мечот свој пред лицето нивно и секој минут ќе трепери секој за душата своја во денот на твоето паѓање. Оти, така вели Господ Бог: мечот на вавилонскиот цар ќе падне врз тебе. Од мечот на силните ќе падне твојот народ; сите тие се најлути меѓу народите; ќе ја уништат гордоста на Египет – и сиот негов народ ќе загине. И ќе го истребам сиот негов добиток при големите води и во иднина нема да ги мати човечка нога, ниту, пак, ќе ги разматува копитото од добиток. Тогаш ќе ги смирам водите нивни и реките нивни ќе ги направам да течат како масло, вели Господ Бог. Кога ќе ја направам Египетската земја пустиња, кога земјата ќе се лиши од сѐ, што ја исполнува, кога ќе ги поразам сите што жиеват на неа, тогаш ќе познаат, дека Јас сум Господ. Еве ја тажната песна, што ќе ја пеат; ќерките на народите ќе ја пеат; за Египет и за сиот негов многуброен народ ќе ја пеат,« вели Господ Бог. Во дванаесеттата година на петнаесеттиот ден од истиот месец би слово Господово до мене: »Сине човечки: плачи за египетскиот народ и спушти го него и ќерките на познатите народи во бездната, заедно со оние што слегуваат во гроб. Од кого си подобар? Слези и лежи со необрезаните. Тие ќе паднат меѓу убиените со меч, и тој е предаден на меч; влечете го него и сето негово множество. Во бездната ќе зборуваат за него и за сојузниците негови, најдобрите јунаци; тие паднаа и лежат веќе така меѓу необрезаните, убиени со меч. Таму е Асур и сиот негов народ, околу него, се гробовите нивни; сите тие се поразени, паднати од меч. Неговата гробница ја поставија во длабочината на бездната и народот негов е околу горбницата; сите се поразени, паднати од меч, сите што задаваа страв во земјата на живите. Таму е Елам со сето множество околу гробницата негова; сите тие се поразени и паднати од меч; тие необрезани слегоа во бездната, оние кои распространуваа преку себеси ужас по земјата на живите и си го носат срамот свој заедно со слегнатите во гроб. Меѓу поразените му дадоа легло, со сето негово множество; околу него се гробовите нивни; сите необрезани се поразени со меч, бидејќи задаваа страв во земјата на живите; тие и го носат врз себе срамот подеднакво со оние што се спуштиле во гроб и се положени меѓу поразените. Таму се Месех и Тувал со сето свое множество; околу него се гробовите негови; сите необрезани, поразени се со меч, затоа што предизвикуваа ужас во земјата на живите. Тие не треба да лежат со паднатите необрезани јунаци, кои со убојното оружје се спуштија во бездната и ги ставија своите мечеви под главите свои; нивниот грев остана врз коските нивни, бидејќи тие како силни беа ужас во земјата на живите. И ти ќе бидеш убиен меѓу необрезаните и ќе лежиш со поразените од меч. Таму е Едом, царевите негови и сите негови кнезови, кои и при сета своја храброст се положени меѓу поразените со меч, тие лежат со необрезаните и сегнатите во гроб. Таму се управителите на Север, тие сите и сите Сидонци, кои се спуштија долу со поразените, а кои беа посрамени во својата моќ што предизвикуваше ужас, па лежат и тие се необрезани, со поразените од меч, и го носат срамот свој заедно со слегнатите во гроб. Ќе ги види Фараонот и ќе се утеши за сето множество свое, поразен со меч, Фараонот и сета негова војска, вели Господ Бог. Оти Јас зададов страв во земјата на живите и Фараонот со сето свое множество ќе биде положен меѓу необрезаните, заедно со поразените од меч«, вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »Сине човечки: кажи збор кон синовите на твојот народ и речи им: ако пратам врз некоја земја меч и народот на таа земја меѓу себе избере човек и го постави за стражар, и тој, штом ќе го види мечот кој се протега врз земјата, ќе затруби во труба и ќе го предупреди народот, па, ако некој го чуе трубниот глас, но не се претпази тогаш кога ќе дојде мечот и ќе го достигне, крвта негова ќе падне врз главата негова. Трубниот глас тој го чул, но не се претпазил, па затоа крвта негова ќе падне врз него; а кој ќе се претпази, тој ќе си го спаси животот. Ако, пак, стражарот го види мечот што иде и не затруби со трубата, така што народот нема да биде предупреден, тоа тогаш, кога ќе дојде мечот и некому ќе му го одземе животот, тој ќе биде погоден заради гревот свој, но крвта негова ќе ја барам од стражарот. И тебе, сине човечки, Јас те поставив како стражар на домот Израилев: ти ќе слушаш слово од Мојата уста и ќе ги вразумуваш од Мене. Кога ќе му речам на грешникот: ‚грешнику, ти бездруго ќе умреш‘, а ти не му кажеш ништо, не го опоменеш беззаконикот да го остави неговиот пат, грешникот ќе умре за својот грев, но крвта негова ќе ја барам од раката твоја. Ако, пак, беззаконикот си го предупредил, да се врати од својот пат, а тој не се одвратил од патот свој, тој ќе умре за својот грев, но ти ќе ја зачуваш душата своја. Сине човечки, кажи му на домот Израилев – вие велите: ‚нашите престапи и нашите гревови се врз нас, и ние пропаѓаме во нив, како тогаш можеме да живееме?‘ Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израилев?« Сине човечки, кажи им на синовите од твојот народ; преведноста нема да го спаси преведникот во денот на неговиот престап, и грешникот поради беззаконието свое нема да падне во денот, кога ќе се откаже од гревот свој, како и праведникот во денот, кога ќе згреши, не ќе може да остане меѓу живите заради својата праведност. Кога ќе му речам на праведникот дека тој нема да биде жив, и тој се надева на својата праведност, па врши неправда, тогаш сите негови праведни дела нема да се спомнат, и тој ќе умре од неправдата своја, што ја извршил. А кога ќе му кажам на грешникот: »бездруго ќе умреш«, и тој се откаже од гревовите свои, па врши суд и правда, а, ако тој грешник го врати залогот, го поврати ограбеното, оди по законот на животот и не врши ништо лошо, – тогаш тој ќе живее, нема да умре. Ниеден од неговите гревови, што ги извршил нема да му се спомнат; тој почнал да врши суд и правда, тој ќе биде жив. Синовите на твојот народ велат: »не е прав патот на Господа«, а всушност нивниот пат не е прав. Кога праведникот ќе отстапи од својата праведност и почне да врши беззаконие, тој ќе умре заради тоа. Кога, пак, грешникот ќе се поврати од гревот свој и ќе почне да врши суд и правда, заради тоа тој ќе остане жив. А вие велите: »не е прав патот на Господа!« Јас ќе ви судам, доме Израилев, на секого од вас според патиштата негови. Во дванаесеттата година од нашето преселување, десеттиот месец во петтиот ден од месецот, дојде при мене еден од избавените од Ерусалим и рече: »разрушен е градот!« Но уште пред да дојде спасениот, вечерта беше раката Господова врз мене и Он ја отвори устата моја, пред да дојде оној утредента при мене; ми се отвори устата и јас веќе не бев безгласен. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, оние, што живеат во запустените места на земјата Израилева, зборуваат и велат: Авраам беше еден и ја наследи оваа земја; а ние сме многумина, па затоа нам ни е дадена оваа земја да ја владееме.« Затоа кажи им – вака вели Господ Бог: »Вие ќе јадете со крв, ќе ги кревате очите свои кон идоли и ќе пролевате крв, а сакате да владеете со оваа земја? Вие се потпирате на мечот свој, вршите гнасни работи, ја осквернувате жената на својот ближен и сакате да владеете со земјата? Еве што ќе им кажеш – така вели Господ Бог: жив сум Јас! Оние, што се по разорените места, ќе паднат од меч; оние, пак, што се наоѓаат во поле, ќе им дозволам на ѕверовите да ги изедат. Кои се, пак, во тврдините и по пештери, со смрт ќе ги поразам. И ќе ја направам земјата пустиња над пустињите, и гордата моќ нејзина ќе престане, па ќе запустат планините Израилеви, така што не ќе има кој да минува преку нив. И ќе познаат тогаш, дека Јас сум Господ, кога ќе ја направам земјата пустиња над пустињите заради сите нивни гнасни дела, што ги извршиле. А за тебе, сине човечки, синовите од твојот народ прикажуваат покрај ѕидовите и пред портите на куќите, и си велат еден на друг, брат на брат: ‚Одете и послушајте какво слово дојде од Господа!‘ И тие ќе доаѓаат при тебе како на собрание народно и Мојот народ ќе седи пред лицето твое и ќе ги слуша зборовите твои, но нема да ги извршува; оти тие од тоа во устата своја си прават шеги, а срцето нивно се вовлекува по нивната лакомост. Па, ете, за нив ти си пеач со пријатен глас и кој убаво свири: тие ги слушаат твоите зборови, но не ги исполнуваат. А кога ќе дојде тоа, – а, еве, веќе иде, – тогаш ќе познаат, дека меѓу нив имало пророк.« И би слово Господово до мене: »Сине човечки, изречи пророштво против пастирите Израилеви, изречи пророштво и кажи им на пастирите – вака вели Господ Бог: тешко на пастирите Израилеви, кои се пасеа сами себе! Зар пастирите не треба да го пасат стадото свое? Вие јадевте масно месо и се облекувавте во волна, колевте угоени овци, а стадото не го пасевте. Слаби не поткрепувавте, болни не лекувавте, ранети не преврзувате, истерани не враќавте и загубени не баравте, а управувавте со нив преку насилие и жестокост. Тие се распрснаа без пастир, и откако се растурија, станаа плен на сите полски ѕверови. Скитаат овците Мои по сите планини и по секој висок рид и распрснати се по зелата земја овците Мои, и никој не прашува за нив, и никој не ги бара. Затоа, о, пастири, чујте го словото Господово: Жив сум Јас, вели Господ Бог: заради тоа што овците Мои беа оставени да бидат разграбени, па, немајќи пастир, станаа плен на сите полски ѕверови, и заради тоа што пастирите не ги бараа Моите овци, бидејќи тие се пасеа сами себе, а Моето стадо не го пасеа, затоа, пастири, чујте го словото Господово: вака вели Господ Бог: еве, Јас сум против пастирите и ќе ги барам овците Свои од рацете нивни, и нема да им дадам повеќе да ги пасат овците, и пастирите нема повеќе да се пасат самите себе, и ќе ги одземам Моите овци од нивните челусти, и тие веќе нема да бидат нивна храна. Оти, така вели Господ Бог: еве, Јас сам ќе ги побарам овците Мои и ќе ги прегледам. Како што пастирот го проверува стадото свое, во оној ден кога ќе се најде меѓу своето распрснато стадо, така ќе ги прегледам Јас овците Мои и ќе ги ослободам од сите места, каде што биле прснати во ден облачен и мрачен. Ќе ги изведам од народите и ќе ги соберам од земјите, ќе ги доведам во земјата нивна и ќе ги пасам по планините Израилеви, покрај потоци и по сите места, каде што се живее во таа земја. Ќе ги пасам на добро пасиште и ќе имаат свое трло на високите Израилеви планини; таму во трлото ќе се одмораат добро и ќе пасат на сочно пасиште, по планините Израилеви. Моите овци, Јас ќе ги пасам и ќе ги одморам, вели Господ Бог. Изгубена ќе најдам и истерана ќе вратам, ранета ќе превијам и болна ќе излекувам, здебелена и бујна ќе исчистам; ќе ги пасам со правда. Вас, пак, овци Мои, така вели Господ Бог, Јас ќе ве судам меѓу овца и овца, меѓу овен и козел. Зар малку ви е тоа што пасете на добро пасиште, а другиот дел од пасиштето го газите со своите нозе, и пиете чиста вода, додека остатокот ја матите со нозете свои. Па овците Мои треба да го јадат она, што сте го изгазиле вие со нозете свои, и да го пијат она, што сте го изматиле со нозете свои? Затоа, вака вели Господ Бог: еве, Јас сам ќе ве судам меѓу овца згоена и овца слаба. Бидејќи со слабините и плеќите се туркате, а со роговите ги бодете сите слаби додека не ги истерате надвор. Но Јас ќе ги спасам овците Мои и тие нема веќе да бидат разграбувани, и ќе пресудам меѓу овца и овца. И ќе поставам над нив еден пастир, што ќе ги пасе, слугата Мој Давида; тој ќе ги пасе и тој ќе им биде пастир. И Јас, Господ, ќе бидам нивни Бог, а Мојот слуга Давид ќе биде нивни кнез. Јас, Господ, го реков ова. И ќе склучам со нив завет за мир и ќе ги премавнам од тој дел на земјата сите лути ѕверови, така што тие ќе живеат мирно во степата и ќе спијат во горите. Ќе ги благословам нив сѐ што е околу ридот Мој и ќе им праќам навреме дожд; тоа ќе бидат дождови благословени. И дрвјат во полето ќе го даваат својот плод и земјата ќе ги дава своите производи; и тие ќе бидат во безопаснот на земјата своја и ќе познаат дека Јас сум Господ, кога ќе ги скинам врските на јаремот и ги ослободам од рацете на нивните непријатели. Тие нема веќе да бидат плен за народите и полските ѕверови нема да ги јадат; тие ќе живеат спокојно и никој нема да ги заплашува. И ќе им приготвам бујна градина, тие нема веќе да умираат од глад на земјата и нема да трпат срам од народите. И ќе познаат, дека Јас, нивниот Господ Бог, сум со нив и дека тие, домот Израилев, се Мој народ, вели Господ Бог, и дека сте вие Мои овци, овци на Моето стадо; вие сте луѓе, а Јас сум вашиот Бог,« вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, сврти го лицето свое кон планината Сеир, изречи против неа пророштво. И кажи н: Вака вели Господ Бог – еве, Јас сум против тебе, планино Сеир, ќе ја протегнам против тебе раката Своја и ќе те направам пуста и ненаселена. Градовите твои ќе ги претворам во развалини и ти самата ќе запустиш и ќе познаеш, дека Јас сум Господ. Бидејќи во тебе има вечно непријателство и синовите Израилеви ги предаваше на меч во време на нивните маки, дури и при крајот на нивните беззаконија. затоа, жив сум Јас, вели Господ Бог, бидејќи со крв си згрешила и крвта ќе те прогони; те гонам; оти крв не си мразела, затоа крвта ќе те гони. Планината Сеир ќе ја направам пуста и степа без живот, и ќе истребам во неа – и човек што доаѓа и човек што си оди. И ќе ги наполнам идолските светилишта со нејзините убиени; по твоите ридишта и по твоите долини и по сите твои полиња ќе паѓаат поразени од меч. Ќе те направам вечна пустиња и во твоите градови ќе нема живот, па ќе познаеш, дека Јас сум Господ. Бидејќи ти велеше – овие два народа и овие две земји ќе бидат мои и ние ќе владееме со нив, иако е Господ таму. Затоа, жив сум Јас, вели Господ Бог; ќе постапам со тебе според мерката на твојата омраза и твојата завист, што ја искажуваше од омразата кон нив, и ќе им се јавам кога ќе ти судам. И ќе познаеш, дека Јас, Господ, ги чув сите твои навреди, што ги искажуваше против планините Израилеви, велејќи: ‚запустеа, нам ни се дадени за храна!‘ Вие се гордеете пред Мене со јазикот свој и ги умножувате зборовите свои против Мене; Јас го чув тоа. Така вели Господ Бог: кога целата земја ќе се радува, Јас ќе те направам пустиња. Како што се радуваше, што делот од Израилевиот дом запусти, така ќе направам и со тебе – ќе бидеш опустошена, планино Сеир, и цела Идумеја заедно со тебе, па ќе познаат, дека Јас сум Господ.« А ти сине човечки, искажи пророштво за планините Израилеви и кажи: »планини Израилеви, чујте го словото Господово. Вака вели Господ Бог: бидејќи непријателот вели за вас: ‚о, о, и вечните светилишта ни паднаа како дел‘; затоа изречи пророштво и кажи: така вели Господ Бог – токму поради тоа, што ве опустошуваат и ве грабаат од сите страни, за да станете сопственост на други народи, и да се изложите на срам и поруга, затоа, планини Израилеви, чујте го словото од Господа Бога – вака им вели Господ Бог на планините и на ридовите, на долиштата и долините и на запустените урнатини и напуштените градови, кои станаа грабеж и подбив за другите околни народи; затоа така вели Господ Бог: во Својата пламена ревност изреков слово против други народи и против сета Идумеја, кои си ја определија земјата Моја за сопственост и си ја присвоија како плен со срдечна радост и со презир во душата, затоа изречи пророштво за земјата Израилева и кажи им на планините и ридовите, на долиштата и на долините – вака вели Господ Бог: еве, Јас го реков тоа во ревноста Своја и во јароста Своја, оти вие носите на себе потсмев од народите. Затоа, така вели Господ Бог: Јас ја кренав раката своја со клетва, дека народите што се околу вас, тие самите ќе го понесат својот срам. А вие, планини Израилеви, проширете се и ќе принесувате плодови на Мојот народ, Израилот, зашто тие скоро ќе дојдат. Оти, еве, кон вас се обрнувам, и вие ќе бидете обработувани и засејувани. И ќе населам во вас многу луѓе, сиот дом Израилев, и градовите ќе бидат населени и урнатини обновени. Ќе ги намножам кај вас и луѓето и добитокот, и тие ќе се плодат и размножуваат, и ќе ве населам како што беше во поранешните времиња, ќе ви правам добро повеќе отколку во поранешните времиња, та ќе познаете, дека Јас сум Господ. Ќе доведам при вас луѓе, народ Мој Израилот, и тие ќе владеат со вас. Ти земјо ќе бидеш нивно наследство и кај нив ќе нема веќе луѓе бездетни. Така вели Господ Бог – бидејќи велат за вас: ‚ти си земја што јадеш луѓе и што правиш народот да е без деца‘, затоа, веќе нема да ги јадеш луѓето и во иднина нема да создаваш народ бездетен, вели Господ Бог. И нема веќе да слушаш потсмев од народите и нема веќе да трпиш врз себе хули од племињата, и во иднина нема веќе да ги правиш луѓето да се без деца,« вели Господ Бог. И би слово Господово до мене: »Сине човечки, кога домот Израилев живееше во својата земја, тој ја осквернуваше со поведението свое и со делата свои; патот нивни им беше пред Моето лице како нечистотија на жена, кога се чисти. Јас, го излеав врз нив гневот Свој за крвта, што ја пролеваа во таа земја, и заради тоа што ја осквернуваа со своите идоли. Ги распрснав меѓу народите и ти се расеани по земјите, ги судев според нивните патишта и според нивните гревови. И отидоа тие при народите, каде што го обеславија Моето свето име, оти за нив велат: ‚Тие се народ на Господа и излегоа од Неговата земја.‘ Зажалив заради името Мое свето, што домот Израилев го обеслави кај народите, каде што отидоа. Затоа, кажи му на домот Израилев: вака вели Господ Бог: доме Израилев, ќе го направам тоа не заради вас, туку заради името Мое свето што го обеславивте при народите, каде што отидовте. Ќе го осветам великото име Свое, обеславено кај народите, меѓу кои го обеславивте, па ќе познаат народите дека Јас сум Господ, вели Господ Бог, кога ќе ја покажам светоста Своја во вас пред нив. Ќе ве земам од кај народите, ќе ве соберам од сите страни и ќе ве доведам во вашата земја. Ќе ве поросам со чиста вода и вие ќе се очистите од сите ваши осквернувања, и од сите ваши идоли ќе ве очистам. Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо. Ќе го внесам во вас Мојот дух и ќе направам да одите по заповедите Мои и да ги пазите и да ги исполнувате наредбите Мои. И ќе живеете во земјата, која им ја дадов на татковците ваши, и ќе бидете Мој народ и Јас ќе бидам ваш Бог. Ќе ве ослободам од сите ваши нечистотии, ќе го повикам житото и ќе го умножам и нема да ве оставам да трпите глад. Ќе ги умножам плодовите по дрвјата и полските производи, па во иднина да не трпите навреди од народите поради глад. Тогаш ќе се сетите за своите лоши патишта и за своите лоши дела, па ќе почувствувате одвратност од самите себе за гревовите свои и за лошите престапи. Тоа ќе го направам, не заради вас, вели Господ Бог, туку да ви биде јасно – црвенејте и срамувајте се од вашите патишта, доме Израилев.« Така вели Господ Бог: »Во оној ден, кога ќе ве очистам од сите ваши беззаконија, и ќе ве населам во градовите и ќе бидат обновени урнатините; и опустошената земја што беше пустиња во очите на секој минувач, ќе биде обработена, тогаш ќе речат: ‚оваа запустена земја стана како Едемската градина и запустените и разорени градови се зацврстија и населија.‘ Па ќе познаат народите, што ќе останат околу вас, дека Јас, Господ, одново изградувам разрушено, засадувам запустено. Јас Господ, го реков тоа и го извршив.« Така вели Господ Бог: »Еве, уште и во ова ќе ја покажам милоста Своја кон домот Израилев, ќе го намножам со луѓе како стадо. Како што има многу жртвени овци во Ерусалим за време на празниците, така ќе бидат полни со луѓе запустените градови и ќе познаат, дека Јас сум Господ.« И би раката Господова врз мене и Господ ме изведе преку духот, ме постави среде полето – а тоа беше полно со коски, и ме проведе околу нив, а таму имаше многу, многу коски во полето и тие беа наполно суви. И ми рече: »Сине човечки, ќе оживеат ли овие коски?« И реков: »Господи Боже, Ти го знаеш тоа.« Па ми рече – изречи пророштво за тие коски и кажи им: »Коски суви, чујте го словото Господово!« Така им вели Господ Бог на оние коски – еве, Јас ќе внесам во вас дух и вие ќе оживеете. Ќе ви дадам жили, ќе направам на вас да израсне месо, ќе ве покријам со кожа и ќе вдахнам во вас дух, па ќе оживеете и ќе познаете, дека Јас сум Господ. – Јас го изреков ова пророштво како што ми беше заповедано, и кога пророкував, се чу шум, и, ете, движење, па почнаа коските да се зближуваат, секоја коска до својата коска. И видов, ете, имаше жили на нив, и месо израсна, кожа ги покри одозгора, но дух немаше во нив. Тогаш Он ми рече – изречи пророштво за духот, изречи пророштво сине човечки, и кажи му на духот, вака вели Господ Бог: дојди од четирите ветра, духу, и дувни врз овие убиени и тие ќе оживеат. И јас го изреков ова пророштво како што ми заповеда Он и влезе во нив дух – и тие оживееја и се исправија на нозете свои – многу, многуброен народ. Тогаш Он ми рече – сине човечки, овие коски се сиот дом Израилев. Ете, тие велат: »Се исушија нашите коски, и загина нашата надеж – ние сме истргнати од коренот.« Затоа изречи пророштво и кажи им – вака вели Господ Бог: »Еве, Јас ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве изведам, народе Мој, од гробовите ваши и ќе ве воведам во земјата Израилева. И ќе познаете, дека Јас сум Господ, кога ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве изведам, народе Мој, од гробовите ваши. Ќе вдахнам во вас од Мојот дух и ќе оживеете, ќе ве населам во вашата земја, па ќе познаете дека Јас, Господ, го реков тоа, и го извршив, вели Господ.« И би слово Господово до мене: »Ти, сине човечки, земи жезал и напиши на него: ‚на Јуда и на синовите Израилеви, неговите сојузници‘, и пак земи друг жезал и напиши на него: ‚на Јосифа‘. Тоа е жезалот на Ефрема и на сиот Израилев дом, негов сојузник. И соедини ги во себе еден со друг во еден жезал, така што во раката да бидат едно. А кога те прашаат синовите на твојот народ: ‚нема ли да ни објасниш, што значи тоа?‘ тогаш речи им – така вели Господ Бог: ‚Еве, Јас ќе го земам Јосифовиот жезал, кој е во раката на Ефрема и на неговите сојузници, Израилевите колена, и ќе ги додадам кон него, кон жезалот на Јуда, и ќе го направам еден жезал, и тие ќе бидат едно во Мојата рака.‘ Кога, пак, двата жезла, на кои ќе напишеш, ќе бидат во твојата рака пред очите нивни, тогаш кажи им – вака вели Господ Бог: ‚Еве, Јас ќе ги земам синовите Израилеви меѓу народите, помеѓу оние, кај кои се наоѓаат, ќе ги соберам сите и ќе ги доведам во нивната земја. Во таа земја по планините Израилеви Јас ќе ги направам еден народ и еден цар ќе биде цар над сите нив и нема да има повеќе два народа, и нема повеќе да се делат на две царства. И нема веќе да се осквернуваат со своите идоли, со своите гадотии и со разни свои пороци; ќе ги извлечам од сите нивни живеалишта, каде што грешеле, и ќе ги очистам, – и ќе бидат Мој народ и Јас ќе бидам нивни Бог. А слугата Мој Давид ќе биде Цар над нив и Пастир на сите нив; тие ќе одат по Моите заповеди и уредбите Мои ќе ги пазат, и ќе ги исполнуваат. Тие ќе живеат во земјата, која му ја дадов на мојот слуга Јакова, во која живееја татковците нивни; таму ќе живеат вечно, тие и децата нивни и внуците нивни; а Мојот слуга Давид ќе биде кнез при нив засекогаш. Ќе склучам со нив завет за мир, вечен ќе биде заветот со нив. И ќе ги средам, ќе ги размножам и ќе го поставам меѓу нив Моето светилиште засекогаш. И при нив ќе биде Моето живеалиште, па ќе бидат нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ. И ќе познаат народите, дека Јас сум Господ, Кој го осветува Израилот кога Моето светилиште ќе биде помеѓу нив засекогаш.‘« И би слово Господово до мене: »Сине човечки, сврти го лицето свое кон Гога во земјата Магог, кон кнезот на Рош, Месех и Тувал, изречи пророштво против него. И кажи им – вака вели Господ Бог: ‚Еве, Јас сум против тебе, Гог, кнезу на Рош, Месех и Тувал. Ќе те вратам и ќе ставам алка на твојата челуст; ќе те изведам тебе и сета твоја војска, коњите и коњаниците, сите храбри јунаци, многубројни борци, во оклопи и со штитови, сите вооружени со мечеви. Персијанците, Етиопите и Либијците со нив, сите со штитови и со шлемови. Гомера со сите чети, домот на Тогарма од северните предели, со сите негови чети, многу народи со тебе. Готви се и приготви се – ти и сите твои чети собрани при тебе и биди им водач. По многу дни ти ќе бидеш посетен; во последните години ќе дојдеш во земја избавена од меч, собрана меѓу многу народи на Израилевите планини, кои беа долго време запустени, но сега жителите нејзини ќе бидат повратени од кај народите, и сите тие ќе живеат спокојно. Па ќе се кренеш како бура, ќе тргнеш како црн облак за да ја покриеш земјата, ти и сите твои чети и многу народи со тебе.‘« Така вели Господ Бог: »Во оној ден ќе ти дојдат на срцето мисли и ти ќе помислиш да направиш нешто лошо. И ќе речеш: ‚ќе се кренам против неоградена земја, ќе појдам против мирните кои живеат безгрижно – сите тие живеат без ѕидови и при нив нема ни резиња, ни порти, за да грабаш и да насобереш плен, да ставиш рака врз одново населените урнатини и врз народ собран од кај народите, што се занимаваа со стопанство и трговија, кој живее во папокот на земјата.‘ Сава и Дедан и тарсиските трговци со сите нивни млади лавови ќе ти речат: ‚Ти дојде да извршиш грабеж, ја собра твојата војска за да земеш плен, да земеш сребро и злато, да одземеш добиток и имот, да заграбиш голем плен.‘« Затоа изречи пророштво, сине човечки, и кажи му на Гог – вака вели Господ Бог: »Па зар не ти е познато дека во оној ден народот Мој Израилот ќе заживее во мир? И ќе тргнеш од твоето место, од северните предели, ти и многу народи со тебе сите на коњи, голем собир и многубројна војска. И ќе се кренеш против Мојот народ, против Израилот, како црн облак, за да ја покриеш земјата: тоа сѐ ќе биде во последните дни, и Јас ќе те доведам во Мојата земја, та народите да Ме познаат кога ќе се појавам над тебе, Гог, Мојата светост пред очите нивни.« Така вели Господ Бог: »Не си ли ти оној, за кого зборував во дамнешните дни преку Моите слуги, пророците Израилеви, кои пророкуваа тогаш дека Јас ќе те доведам против нив? Во оној ден, кога ќе дојде Гог против Израилевата земја, вели Господ Бог, Мојот гнев ќе пламне во Мојата јарост. И во Мојата ревност, во огнот на Моето негодување, Јас реков: навистина во оној ден ќе настане голем потрес во земјата Израилева. И од лицето Мое ќе затреперат рибите морски и птиците небески, и ѕверовите полски и сѐ што се влече и лази по земјата, и сите луѓе, што се наоѓаат на земјата; ќе се соборат планини, ќе попаѓаат карпи и сите ѕидови ќе паднат на земја. И по сите Мои планини ќе повикам меч против него, вели Господ Бог; мечот на секој човек ќе биде против братот негов. И ќе му судам преку помор и крвопроливање ќе излијам врз него и војските негови и врз многуте народи, што се со него, силен дожд и град како камења, оган и сулфур. Ќе го покажам Моето величие и Мојата светост и ќе се појавам пред очите на многу народи – и тие ќе познаат, дека Јас сум Господ.« Ти, сине човечки, изречи пророштво против Гога и кажи – вака вели Господ Бог: »Еве, Јас сум против тебе, Гог, кнезу на Рош, Месех и Тувал. Ќе те вратам и ќе те поведам, ќе те изведам од северните предели и ќе те доведам на планините Израилеви. Ќе го исфрлам лакот од твојата лева рака и ќе ти ги исфрлам стрелите од твојата десна рака. Ќе паднеш на Израилевите планини, ти и твоите полкови и народите што ќе бидат со тебе; ќе дозволам да те изедат секакви грабливи птици и ѕверови полски. Ќе паднеш на откриено поле, оти Јас го реков тоа, вели Господ Бог. И ќе испратам оган врз земјата Магог и врз жителите на островите, кои живеат безгрижно, па ќе познаат дека Јас сум Господ. Ќе го покажам Своето свето име меѓу Мојот народ, Израилот, и нема веќе да дозволам во иднина да се обеславува името Мое, свето, па ќе познаат народите дека Јас сум Господ, Светецот Израилев. Ете, тоа ќе дојде и ќе се збидне, вели Господ Бог, тоа е денот, за кој ви зборував. Тогаш жителите на градовите Израилеви ќе излезат, ќе запалат оган и ќе го изгорат оружјето, штитовите и железните ризници, лаковите и стрелите, боздоганите и копјата: седум години ќе ги горат. И нема да носат дрва од полето, ниту пак ќе сечат од горите, туку ќе го горат само оружјето; ќе ги ограбат своите грабители и ќе ги оберат своите обирачи, вели Господ Бог. Во тој ден ќе му дадам на Гога место за гробница при Израилот во долината на патниците, источно од морето, и таа таму ќе ги задржува патниците: таму ќе го погребуваат Гога и сета негова војска, а ќе ја наречат долината на Гоговиот народ. Домот Израилев ќе ги погребува седум месеци, за да ја очисти земјата. И сиот народ од земјата ќе ги погребува, и за нив тој ден ќе биде знаменит, во кој Себе ќе се прославам, вели Господ Бог. И ќе определат луѓе, кои постојано ќе го обиколуваат пределот и со помош на патниците да се погребуваат другите по лицето земјино, – за да ја очистат; по седум месеци тие ќе почнат да бараат. И кога некој од оние, што ќе минуваат по земјата, ќе види човечка коска, ќе стави до неа знак, додека погребувачите не ја закопаат во долината на Гоговата војска. Името на градот ќе му биде пак – Хамона (народ). Така ќе го очистат тие пределот.« А ти, пак, сине човечки, – така вели Господ – кажи им на сите видови птици и на сите ѕверови полски: соберете се и дојдете, побрзајте од сите краишта кон Мојава жртва, што Јас ќе ја заколам за вас, кон големата жртва на планините Израилеви, и ќе јадете месо и ќе пиете крв; месо од силни мажи ќе јадете и ќе пиете крв од кнезови земни, од овни, од јагниња, од козли и од телиња – сите тие се згоени во Васан, ќе јадете мрс до наситување и ќе пиете крв до опивање од Мојата жртва, што Јас ќе ја заколам за вас. И на Мојата трпеза ќе се наситите на коњи и коњаници, на мажи силни, на секаков вид воени лица, вели Господ Бог. Ќе ја покажам славата Своја, меѓу народите и сите народи ќе го видат Мојот суд, што Јас ќе го одржам, и Мојата рака, што Јас ќе ја кренам врз нив. И ќе узнае домот Израилев дека Јас сум Господ Бог нивни од денес и натаму. Ќе познаат народите дека домот Израилев беше преселен поради својата неправда; оти тие постапија вероломно пред Мене, Јас го сокрив од нив лицето Мое и ги предадов во рацете на непријателите нивни, и тие сите паднаа од меч. Поради нечистотиите нивни и поради гревовите нивни Јас го направив тоа со нив и го сокрив од нив лицето Мое. Затоа вака вели Господ Бог: сега ќе ги вратам плениците на Јакова, ќе се смилувам над сиот дом Израилев и ќе бидам ревнив на името Мое свето. Па ќе го почувствуваат тие своето бесчестие и сите свои беззаконија, што ги вршеа пред Мене, додека уште живееја во земајта своја во мир, ќе заживеат спокојно, и немаше никој да ги заплашува. кога ќе ги вратам од кај народите и ги соберам од земјите на нивните непријатели и ја покажам во нив светоста Моја пред очите на многу народи. И ќе познаат дека Јас сум нивниот Господ Бог, Кој откако ги растурив меѓу народите, одново ќе ги соберам во нивната земја и нема да оставам таму ниту еден од нив. И веќе нема да го сокривам лицето Свое од нив, затоа што ќе излеам Јас од Мојот дух на домот Израилев, вели Господ Бог. Во дваесет и петтата година по нашето преселување, во почетокот на годината во десеттиот ден од месецот, во четиринаесеттата година по разурнувањето на градот, во овој ист ден беше раката Господова врз Мене и Он ме поведе таму. Во виденијата Божји ме заведе Он во земјата Израилева и ме постави на многу висока планина, и на неа од кај југ се гледаше нешто како изграден град. Ме поведе таму, и, ете, маж еден, кој изгледаше како светол бакар, а во неговата рака ленена врвка и трска за мерење, и тој стоеше пред портите. И ми рече тој маж: »Сине човечки, гледај со очите и слушај со ушите и сето ова земи го при срце, ова што ќе ти го покажам, бидејќи ти поради тоа и си доведен овде, за да ти го покажам тоа; за сѐ што ќе видиш, извести го домот Израилев.« И ете, имаше ѕид околу храмот, а во раката на тој човек трска за мерење од шест лакти, а лакот беше по лакот и дланка, и го измери тој храмот, една трска широчина и една трска височина. Потоа отиде кај портите, кои беа поставени спрема исток, се искачи по стапалата нивни и измери дека едниот праг од портата беше една трска широчина, а другиот праг пак една трска височина. И секоја околна соба беше по една трска долга и по една трска широка, а меѓу собите имаше пет лакти и прагот на портите во тремот зад портите беше пак една трска. Го измери тој тремот зад портите – пак една трска. А тремот пред портите – осум лакти, и столбовите два лакта. Тој трем пред портите беше отстрана на храмот. Собите од источната страна кај вратите беа три од едната страна и три од другата страна; една мерка имаа сите три и една мерка имаа столбовите од едната и од другата страна. Ги измери тој отворите на вратите – тие беа по десет лакти широки, а должината нивна – тринаесет лакти. Пред собите имаше од едната и од другата страна ограда од по еден лакот. Тие соби од едната страна имаа шест лакти и од другата страна – шест лакти. Потоа ги измери тој вратите од стреата на едната соба до стреата на другата соба – дваесет и пет лакти широчина: врата спроти врата. А и столбовите ги измери тој: шеесет лакти, секој столб околу дворот и при вратите. И од предната страна на влезот во вратите до предната страна на внатрешната врата – педесет лакти. Решетчести прозорци имаше и во околните соби и при столбовите нивни однатре кај вратите наоколу; исто така и во тремовите наоколу имаше прозорци од внатрешната страна, а на столбовите – палми. И ме одведе тој во надворешниот двор, и, ете, таму – соби, имаше направен под од плочи околу дворот. Триесет соби имаше на тој плочник. И тој плочник беше од кај страните на вратите, според должината на вратите, малку понизок. И го измери тој по ширината од долните врати до надворешниот крај на внатрешноста во дворот: сто лакти – кон исток и кон север. Ја измери исто така должината и ширината на вратите од надворешниот двор, свртени спрема север; и при нив околните соби, три од едната страна и три од другата; и столбовите нивни и продолженијата нивни имаа иста мерка како и првите врати – долги по педесет лакти, а широки по дваесет и пет лакти. И прозорците нивни и продолженијата нивни и палмите нивни имаа иста мерка, како и вратите, свртени спрема исток; а се влегуваше во нив по седум степеника и пред нив имаше уште и продолженија. И во внатрешниот двор, вратата спроти северните и источните врати; и ја измери тој должината од врата до врата – сто лакти. И ме поведе кон југ, а таму имаше јужна врата; и ги измери тој столбовите и продолженијата – имаа иста мерка. И прозорците во нив и во тремот им беа исто такви како оние прозорци: долги педесет лакти, а широки дваесет и пет лакти. Влезот до нив – седум степеника, и тремови имаше пред нив; и украси од палма на столбовите – еден од едната страна и друг од другата страна. И во внатрешниот двор имаше јужна врата; ја измери тој должината од врата до врата јужно – сто лакти; и ме поведе тој преку јужната врата во внатрешниот двор; ја измери јужната врата – иста мерка. И собите околни и столбовите нивни и тремовите нивни – иста мерка, а имаше и прозорци во нив и во тремовите нивни наоколу; сѐ во должина педесет лакти, а широчина – дваесет и пет лакти. Тремови имаше наоколу, со должина од дваесет и пет лакти и ширина од пет лакти. Тремовите беа од кај надворешниот двор, а палми имаше на столбовите нивни при искачувањето кон нив – осум стапки. Ме поведе тој преку источната врата во внатрешниот двор и мерката на таа врата беше со иста мерка, И собите отстрана, столбовите нивни и тремовите нивни имаа иста мерка; а и прозорци имаше кај нив и во тремовите нивни наоколу; должина – педесет лакти, а ширина дваесет и пет лакти. Тремовите нивни беа од кај надворешниот двор, а на столбовите нивни имаше палми од едната и од другата страна; искачувањето кон нив – осум степеника. Потоа ме одведе пред северната врата, ја измери и таа имаше иста мерка. Нејзините соби од страна, столбовите нејзини, тремовите нејзини и прозорците во нив, беа наоколу; сето тоа имаше должина педесет лакти и ширина – дваесет и пет лакти. Тремовите беа од кај надворешниот двор, а на столбовите нивни имаше палми – една од едната страна и друга од другата страна; искачувањето кон нив – осум степеника. Имаше исто така соба со влез во неа при столбовите на вратата, таму се миеја жртвите за сепаленици. А во тремот пред вратите беа поставени две маси од едната страна и две од другата страна, за да се колат на нив жртвите за сепаленици и жртвите за грев и жртвите за престап. И однадвор, од кај вратата при влезот во отворот на северната врата имаше две маси, и од другата страна до тремот покрај вратата имаше две маси. Четири маси од едната страна и четири маси од другата страна, од кај страната на вратите; вкупно осум маси, на кои се колат жртвите. А имаше и четири маси за приготвување на сепалениците – од делкан камен, долги по еден ипол лакот и широки по еден ипол лакот, а високи еден лакот; врз нив се оставаат ножеви за колење на жртвите за сепаленици и на други жртви. И куки големи колку една дланка имаше закачени на ѕидовите од зградата наоколу, а на масите го ставаа жртвеното месо. Однадвор, кај внатрешната врата, имаше соби за певците; во внатрешниот двор од кај северната врата, една свртена со лицето кон југ, а другата странична јужна врата, свртена со лицето кон север. И ми рече тој: оваа соба, што е свртена со лицето кон југ, е за свештениците што ќе бдеат на стража во храмот. А собата што е свртена со лицето кон север – за свештениците, што ќе бдеат на стража кај жртвеникот: тоа се синовите на Садока, кои едини од синовите Левиеви можат да се приближуваат до Господа за да Му служат. Го измери тој дворот: сто лакти долг и сто лакти широк, четириаголен, а пред храмот беше жртвеникот. И ме поведе во тремот на храмот, па ги измери столбовите на тремот: по пет лакти од едната страна и пет лакти од другата страна; вратите, пак, беа по три лакти широки, од едната страна и по три лакти од другата. Тремот беше долг дваесет лакти и широк единаесет, и искачувањето кон него десет степеника; имаше и потпори кај столбовите: една од едната страна и друга од другата страна. Потоа ме воведе во храмот и ги измери столбовите: по шест лакти широки од едната страна и по шест лакти широки од другата страна, колку што беше широка скинијата. Вратите беа широки по десет лакти, а страните на вратите по пет лакти од едната и по пет лакти од другата страна, а должината на храмот четириесет лакти, додека широчината му беше дванаесет лакти. И влезе внатре, па ти измери столбовите покрај вратите – по два лакта, и вратите – по шест лакти, додека широчината на вратата е седум лакти. Го измери храмот – дванаесет лакти надолж и дванаесет лакти широк, па ми рече – тоа е Свјатаја Свјатих. Го измери ѕидот на храмот – шест лакти, а широчината на собите околу храмот – по четири лакти. Странични соби имаше триесет и три, соба под соба: тие се наоѓаа во ѕидот, што беше околу храмот што беше врска со него но не се допираа до ѕидовите на самиот храм. И храмот сѐ повеќе се ширеше наоколу над станичните соби, зашто кругот негов се издигаше сѐ погоре и погоре наоколу, па затоа храмот беше многу поширок горе, оти искачувањето од долниот кат сѐ до горниот минуваше преку средниот. И го видов врвот на храмот наоколу; неговите странични соби во својата основа имаа мерка – една трска; шест полни лакти. Ширината на ѕидот од станичните соби, што се издаваа надвор – пет лакти, а по страничните соби на храмот постоеше слободен простор. И меѓу собите имаше растојание – по дваесет лакти околу целиот храм. Вратите на страничните соби водеа во слободниот простор, една врата кон северната страна, а другата врата кон јужната страна; ширината на тој слободен простор беше пет лакти наоколу. Зградата пред плоштадот од западната страна беше широка седумдесет лакти; ѕидот на таа зграда пет лакти широк наоколу, а долг беше деветнаесет лакти. Го измери тој храмот – сто лакти должина, а плоштадот и одделенијата и страните нивни, исто така со должина од сто лакти. И ширината на храмот од кај предната страна на плоштадот спрема исток – пак сто лакти. Потоа ја измери должината на зградата пред плоштадот од задната страна со страничните одделенија од едната и од другата страна – по сто лакти, од внатрешноста на храмот и тремовите на дворот. Праговите, прозорците решетчести и страничните соби наоколу, на сите три ката спроти праговите беа обложени со дрво од подот до прозорците; прозорците беа затворени. Од горниот дел на вратата како одвнатре на храмот така и однадвор и по целиот ѕид наоколу, одвнатре и однадвор имаше фигури резбарени; беа направени херувими и палми: палма меѓу двата хреувима и при секој херувим – по две лица. Од едната страна кон палмата имаше свртено човечко лице, а од другата страна кон палмата – лице лавовско: така беше направено по целиот храм наоколу. Од подот до врвот на вратата имаше направено херувими и палми, а исто и по ѕидовите на храмот. Во храмот имаше четириаголни довратници, а и на светилиштето исто така довратници слични какви што сум видел. Жртвеникот беше дрвен – три лакти висок и два лакта долг; и аглите негови и подножјата негови и страните негови беа од дрво; па ми рече тој – тоа е трпезата што е пред Господа. Во храмот и во светилиштето имаше по две врати. Вратите имаа по две крила; и двете крила беа подвижни – по две крила кај едната врата и по две крила кај другата врата; на тие врати беа направени херувими и палми, исто така изработени какви што беа по ѕидовите; а пред тремот однадвор имаше дрвен под. А решетчести прозорци и палми имаше од едната страна и од другата страна по страните на тремот и на околните храмови соби, а и по гредите. И ме изведе од надоврешниот двор по северниот пат и ме доведе при собите, што беа спрема рамнината и спрема зградата од север, до она место, кое кај северната врата е долго сто лакти, а широко педесет лакти. Спрема дваесетте лакти на внатрешниот двор и спроти плочникот, што е од кон надворешниот двор, трем спроти трем во три ката. А пред собите имаше ходник – десет лакти широк, а внатре по еден лакот; вратите негови беа свртени спрема север. Горните соби беа потесни, зашто тремовите одземаа од нив спротивно на долните соби од зградата, кои беа пошироки. Собите беа на три ката, а немаше такви столбови какви што имаше во дворовите, затоа тие и се направени потесни, спротивно на долните и средните соби, почнувајќи од подот. А надворешниот ѕид спрема тие соби од надворешниот двор, кој ја поврзува предната страна на собите, е долг педесет лакти; оти и собите на надворешниот двор имаат должина само педесет лакти, и така пред храмот – сто лакти. А долу имаше ходник кон тие соби од источната страна, кога се доаѓа кај нив од надворешниот двор. По ширината на ѕидот од дворот спрема исток пред плоштадот и пред зградата имаше соби. А ходникот пред нив беше исто таков како и пред оние соби, што се свртени спрема север, со иста таква должина како и при нив, и исто таква ширина; и сите излези нивни и изработката нивна и вратите нивни беа исто такви како и при другите. Имаше исти врати какви што беа и при собите од јужната страна; и за влез во нив имаше врати при патеката, која водеше надолж по источниот ѕид. И ми рече тој: северните соби и јужните соби, што се наоѓаат пред плоштадот, се свети соби, во кои свештениците, што му се приближуваат на Господа, ги јадат најсветите жртви; само таму ги ставаат најсветите жртви и лебниот принос, жртвите за грев и жртвите за престап, оти тоа е свето место. Кога влегуваат таму свештениците, тие не треба да излезат од тоа свето место во надворешниот двор, сѐ додека таму не ги остават своите одежди, со кои служеле, зашто тие се свештени одежди; треба да облечат други одежди, и тогаш да излезат пред народот. кога го заврши тој мерењето на внатрешниот храм, ме извести пред вратите, свртени кон исток, и почна да мери наоколу. Ја измери источната страна со мерната трска, измери со неа – петстотини трски; На северната страна со истата мерна трска измери вкупно петстотини трски. На јужната страна со мерната трска измери исто така петстотини трски. И кога се заврти спрема западната страна со мерната трска, измери исто така петстотини трски. Од сите четири страни тој го измери; околу него имаше ѕид долг петстотини трски и петстотини трски широк, за да го одделува светото место од несветото. И ме доведе пред вратата, пред онаа врата што е спрема исток. А таму, ете, славата на Израилевиот Бог доаѓаше од исток и гласот Негов беше како шум од многу води и земјата светна од славата Негова. Тоа видение беше исто, какво што видов порано, исто такво како што видов, кога одев да ја соопштам погибелта на градот; тие виденија беа слични на виденијата што ги водов при реката Ховар, и јас паднав ничкум. А славата Господова влезе во храмот низ вратата, свртена спрема исток. Тогаш ме подигна духот и ме воведе во внатрешниот двор, а таму славата Господова беше го исполнила целиот храм. И јас чув некој што ми зборуваше од храмот, а оној човек стоеше до мене, и ми рече: »Сине човечки: ова е местото на Мојот престол и местото на стапките од Моите нозе, каде што ќе живеам вечно меѓу Израилевите синови; и домот Израилев нема повеќе да го осквернува Моето свето име, ниту тие, ниту пак царевите нивни, со блуд и со труповите на своите цареви по нивните идолски светилишта. Тие го ставаа прагот свој до Мојот праг и довратниците на вратите свои до довратниците Мои, така што еден ѕид имаме меѓу Мене и нив, и го осквернуваа Моето свето име со гадотиите свои, што ги вршеа, па затоа и ги сотрев во гневот Свој. А сега, откако тие ќе го оддалечат од Мене својот блуд и труповите на своите цареви, Јас ќе живеам вечно меѓу нив. Ти, пак, сине човечки, кажи му на домот Израилев за овој храм, нека се засрамат од своите гревови и да му ги измерат мерките. И ако се засрамат од сето она, што го вршеле, покажи им го видот на храмот и местото негово, излезите негови и влезовите негови, сите негови украси и сите негови средби, сите ликови и сите закони и напиши ги пред очите нивни, па да ги запомнат сите ликови негови и сите уредби негови и да постапуваат според нив. Ете, тоа е законот на храмот: пространството негово на врвот од планината наоколу е Свјатаја Свајтих; тоа е законот на храмот. И, еве, ги размерите не жртвеникот, ако се смета за лактот – лакот и дланка: основата лакот, ширината, пак лакот, а појасот по сите краишта негови една педа; тоа е задната страна на жртвеникот. Од основата, која поаѓа од земјата до долниот појас два лакта, а широк е тој еден лакот; од малиот појас до големиот – четири лакти, а широк еден лакот. Жртвеникот е висок четири лакти; а од жртвеникот се издигаат угоре четири рога. Жртвеникот е долг дванаесет лакти и широт дванаесет лакти; четириаголен е од сите страни. А подножјето негово е четиринаесет лакти долго и четиринаесет лакти широко од сите четири страни, а околу појасот негов половина лакот, додека основата негова – по лакот наоколу, степениците до него се од исток.« И ми рече тој – сине човечки, така вели Господ Бог: »Еве ги наредбите за жртвеникот, во оној ден кога ќе биде направен, за да се принесуваат врз него сепаленици и да се поросува врз него со крв. На свештениците од коленото Левиево, од племето на Садока, кои се приближуваат до Мене за да Ми служат, вели Господ Бог, дај им по едно јуне од говедата за жртва за грев. Па земи ја крвта од него и попрскај ги четирите негови рога и четирите агли на подножјето и појасот околу, и така ќе го очистиш и осветиш. Земи јунец како жртва за грев и изгори го на определеното место во Домот надвор од Светилиштето. А на другиот ден принеси жртва за грев од стадото кози, козел без недостаток, и нека го исчистат жртвеникот така, како што го очистуваат со јунецот. Кога, пак, ќе го извршиш очистувањето, доведи од говедата и – јунец без недостаток, и од овчото стадо – овен без недостаток. И принеси ги пред лицето на Господа; свешениците, пак, нека фрлат врз нив сол и нека ги вознесат како спепаленица за Господа. Седум дена принесувај жртва за грев по еден козел дневно. Исто така да принесуваат жртва по јунец од стадото волови и по еден од стадото овци, без недостаток. Седум дена тие треба да го очистуваат жртвениикот и да го осветуваат, и да го полнат со рацете свои. Откако ќе се свршат тие дни, во осмиот ден, а и понатаму свешнитениците ќе ги принесуваат врз жртвеникот вашите сепаленици и благодарствени жртви; и Јас ќе бидам милостив кон вас, вели Господ Бог.« Потоа ме поведе назад, кај надворешната врата на светилиштето, свртена кон исток, а таа беше затворена. И ми рече Господ: оваа врата ќе биде затворена, не смее да се отвора и ниеден човек нема да влезе низ неа, оти Господ Бог Израилев влегува низ неа и таа ќе биде затворена. Таа е за кнезот, само кнезот, затоа што е кнез ќе седне до неа за да јаде леб пред Господа: ќе влезе преку тремот на таа врата и преку неа ќе излезе. Потоа ме одведе низ северната врата пред лицето на храмот и видов, а тоа славата Господова го исполнуваше домот Господов, и паднав ничкум. И ми рече Господ: сине човечки, земи го при срце сево ова, гледај со очите свои и слушај го со ушите свои сето она, што ќе ти го кажам за сите наредби во домот Господен и за сите негови закони: пази добро за влезот на храмот и за сите излези од светилиштето. И кажи му на отстапничкиот дом Израилев – вака вели Господ Бог: »Доме Израилев, престанете да ги вршите сите ваши гадотии, да ги воведувате синовите на туѓинка, необрезани по срце и необрезани по плот, за да бидат во Моето светилиште и да го осквернуваат Мојот храм, да го поднесувате Мојот леб, мрс и крв и да го растурате Мојот завет со вашите секакви гадотии. Вие не стоевте на стража пред моите светињи, а ги поставувавте нив како стражари место себе при Моето светилиште. Така вели Господ Бог: ниеден син на туѓинка, необрезан по срце и необрезан по плот, не смее да влегува во Моето светилиште, дури и оној син на туѓинка, која живее меѓу синовите Израилеви. Исто така и левитите, кои се оддалечија од Мене во времето на Израилевото отстапништво, откако Ме оставија, блудствуваа со идолите свои, исто така тие ќе претрпат казна за гревовите свои. Тие ќе служат во светилиштето Мое како стража пред вратата на храмот и како прислужници на храмот; тие ќе колат за луѓето сепаленици и други жртви ќе стојат пред нив, за да им служат. А заради она што им служеа пред нивните идоли и за домот на Израилот беа соблазан за нечестие, Јас ја кренав раката Своја врз нив, вели Господ Бог, и тие ќе претрпат казна за гревот свој; тие нема да се приближуваат до Мене за да свештенодејствуваат пред Мене и да пристапуваат до сите Мои светињи, до Свјатаја Свјатих, но ќе го носат врз себе срамот свој и гадотиите свои, што ги вршеле. Ќе ги направам чувари на храмот за сите негови служби и за сѐ, што ќе се одвива во него. А свештениците од коленото Левиево, синовите на Садока, кои постојано пазеа на Моето светилиште, кога синовите Израилеви остапија од Мене, ќе се приближуваат до Мене за да ми служат и ќе се задржуваат пред лицето Мое, за да ми принесуваат мрс и крв, вели Господ Бог. Тие ќе влегуваат во Моето светилиште и ќе се приближуваат до Мојата трпеза, за да ми служат и да бидат стража Моја. Кога ќе дојдат до вратата на внатрешниот двор, тогаш ќе се облечат во ленени облеки, а волнени не смее да има во нив за сето време на службата, до вратите на внатрешниот двор и внатрешноста на храмот. Превезите на главите нивни треба да бидат исто така ленени; а и долната облека на бедрата нивни исто така ленена; тие не смеат да се опашуваат со ништо, од што би се потеле. А кога ќе треба да излезат во надворешниот двор, во надворешниот двор пред народот, тогаш ќе треба да ги соблечат одеждите свои, со кои служеле, и да ги остават во свештените соби и да облечат други облеки, а со свештените одежди да не се допираат до народот. И главата своја на смеат да ја бричат ниту косата да ја пуштаат, туку да ја стрижат главата своја. И вино не бива да бие ниеден свештеник, кога ќе влегува во внатрешниот двор. Ниту вдовица, ни пак разведена од маж не смее тој да зема за жена, туку само девојка од племето на домот Израилев, и вдовица од свештеник. Тие треба да го учат Мојот народ да разликува свештено од несвештено и да им објаснуваат што е нечисто, а што е чисто. Во расправиите при судовите треба да присуствуваат и според Моите наредби да судат и да пазат на Моите закони и на наредбите Мои за сите Мои празници и свето да пазат на Моите саботи. До мртов човек никој да не се доближува, за да не стане нечист, само заради татко и мајка, заради син и ќерка, брат и сестра што не се женети можат да се осквернат. На таков, откако ќе се очисти, треба да се избројат уште седум дена. И во оној ден, кога ќе треба да пристапи до светињата во внатрешниот двор, за да служи пред светињата, тој треба да принесе жртва за грев, вели Господ Бог. А што се однесува до делот нивни, Јас сум нивниот дел. И сопственост во Израилот не давајте им: Јас сум нивната сопственост. Тие ќе јадат од лебниот принос, од жртвата за грев и од жртвата за престап: и сѐ што е ветено во Израилот, ним им припаѓа. И првините од сите ваши плодови и од секој ваш род како принос, какви и да биле вашите приноси, им припаѓаат на свештениците; и првините од меленото давајте му го на свешненикот за да има благослов во вашите домови. Свештениците не смеат да јадат никаква мрша и ништо раскинато од ѕвер, па било тоа птица или добиток.« Кога со жреб ќе ја делите земјата на делови, одделете свет дел за Господа – дваесет и пет илјади лакти во должина и десет илјади лакти во ширина; тоа место да биде свето како целина наоколу. Од него до светилиштето да има четириаголник, по петстотини лакти наоколу и околу него, со плоштадка од педесет лакти. Според таа мерка измери дваесет и пет илјади трски надолж и десет илјади трски по ширината, каде што ќе се наоѓа светилиштето, Свјатаја Свјатих. Тој дел од светата земја ќе им припаѓа на свештениците, служители на светилиштето, кои ќе пристапуваат да Му служат на Господа; тоа место ќе биде место за куќи и светиња за светилиштето. Дваесет и пет илјади трски по должина и десет илјади трски по ширина, ќе им припаѓа на левитите, служители на храмот, како нивно владение, каде што ќе живеат. Дајте му и на градот владение од пет илјади трски нашир и дваесет и пет илјади трски по должина, спроти светото место, определено за Господа; тоа ќе му припаѓа на сиот дом Израилев. И за кнезот определете дел од едната и од другата страна, до светото место, определено за Господа, како и до владението на градот, кон запад од западната страна и кон исток од источната страна, во должина еднаква со еден од оние делови од западниот до источниот крај. Тоа ќе биде негова земја, негово владение во Израилот, така што во иднина кнезовите Мои да не го притеснуваат народот Мој, и земјата да ја раздаваат на домот Израилев според колената негови. Така вели Господ Бог: кнезови Израилеви, доста беше ова, оставете ги насилијата и принудувањата, а вршете суд и правда; престанете да го изгонувате народот Мој од владенијата негови, вели Господ Бог. Имајте иста мерка, вистинска ефа и прав бат. Ефата и батот треба да бидат еднакви, така што батот да содржи една десетина хомер, а и ефата една десетина хомер; мерката нивна треба да се определува според хомерот. Во една сикла треба да се содржат дваесет гери; а дваесет сикли, дваесет и пет сикли и петнаесет сикли треба да ви претставуваат една мина. Ете, тоа е данокот што ќе му го давате на кнезот; шести дел од ефа хомер пченица и шести дел од ефа хомер јачмен; а мерката за елејот е: една десетина елеј бат од кор, кој е хомер, што изнесува десет бата; по една овца на стадо од двесте овци, од богатото пасиште на Израилот; сето тоа ќе биде дар за лебен принос, за сепаленица и за благодарствена жртва, поради нивното очистување, вели Господ Бог. Сиот народ од земјата должен е да го дава тој принос за кнезот во Израилот. А кнезот е должен да принесува сепаленици и лебен принос, прелив на празници, во новомесечијата и во саботите за време на сите прослави во домот Израилев; тој ќе треба да принесува жртви за грев и лебен принос, сепаленици и благодарствени жртви за очистување на домот Израилев. Така вели Господ Бог: во првиот месец, на првиот ден од месецот, земи од стадото волови јунец без недостаток и очисти го светилиштето. Свештеникот нека земе крв од таа жртва за грев и со неа нека ги пороси довратниците на храмот и рамнинката на жртвеникот на четирите агли, а и довратниците на внатрешниот двор. Тоа исто направи го и во седмиот ден од месецот за оние кои смислено и по простотилак грешат, па така очисти го храмот. На четиринаесеттиот ден од првиот месец треба да празнуваш Пасха, седмодневен празник кога ќе се јадат бесквасници. Во тој ден кнезот ќе принесе за себе и за сиот народ во земјата жртва – еден јунец за грев. И во тие седум дена на празникот тој ќе Му принесува на Господа сепаленица секој ден, по седум јунци и по седум овни без недостаток, а и жртва за грев секој ден – по еден козел од стадото кози. Лебен приност ќе принесува по ефа на јунец и по ефа на овен, и елеј по хин од ефа. Во седмиот месец, на петнаесеттиот ден од месецот, на празникот, во текот на седумте дена тој треба да принесува исто таква жртва за грев, таква сепаленица, и толку лебен принос и толку елеј. Така вели Господ Бог: »вратата на внатрешниот двор, свртена кон исток, треба да биде затворена во текот на шесте работни денови, а во саботниот ден да биде отворена, но и во деновите на новомесечијата треба да биде отворена. Кнезот ќе мине низ надворешниот трем до вратата и ќе застане кај довратниците на таа врата; свештениците ќе ја извршуваат неговата сепаленица и неговата благодарствена жртва; и тој пред прагот на вратата ќе Му се поклони на Господа и ќе излезе, а вратата ќе остане отворена до вечерта. И народот од таа земја ќе се поклони пред Господа, пред влезот на вратата, во саботите и во новомесечијата. Сепаленицата, која кнезот ќе Му ја принесува на Господа во саботен ден, треба да се состои од шест јагниња без недостаток и овен без недостаток; лебниот принос ќе биде ефа на овен, а лебниот принос за јагнињата колку што ќе му даде раката, како и елеј – еден хин на ефа. Во денот, пак, на новомесечие, тој ќе принесува по еден јунец без недостаток од стадото волови, а и по шест јагниња и по еден овен без недостаток, Лебниот принос ќе се состои од ефа на јунец и ефа на овен, додека за јагнињата колку што раката ќе му даде, како и елеј по еден хин на ефа. И кога доаѓа кнезот, тој треба да влегува низ тремот од таа врата, и по истиот пат да излегува. А кога доаѓа народот од таа земја пред лицето на Господа во празнични денови, оној што ќе влегува низ северната врата за поклон, ќе треба да излезе низ јужната врата, додека оној што ќе влезе низ јужната врата, тој ќе треба да излезе низ северната врата: тој не треба да излегува низ истата врата низ која влегол, туку низ спротивната врата. И кнезот треба да се наоѓа меѓу нив; кога ќе влегуваат тие, и тој влегува, и кога ќе излегуваат тие, излегува и тој. И во празничните денови и за време прославите за лебен принос треба да име по ефа на јунец и по ефа на овен, а за јагнињата колку што раката ќе му даде, како и елеј – по хин на ефа. Ако, пак, кнезот по своја волја побара да принесе сепаленица или благодарствена жртва на Господа, тогаш нему ќе му се отвори вратата, свртена кон исток, и тој ќе ја принесе својата сепаленица и својата благодарствена жртва, онака како што се извршува во саботен ден, и потоа тој ќе излезе, но по неговото излегување, вратата ќе се затвори. Секој ден принесувај Му на Господа сепаленица по едно јагне без недостаток, принесувај го изутрина. И лебен принос додавај кон него секое утро – по една шестина од ефа и по една третина од хин елеј, за да се покваси брашното; тоа е вечна наредба за лебниот принос на Господа, засекогаш. Постојано, секое утро, да се принесува за сепаленица по едно јагне, лебен принос и елеј. Така вели Господ Бог: ако кнезот на некого од синовите свои му даде дар, тој дар треба да му е во наследство и на синовите негови; тоа нивно владение треба да биде наследствено. Ако, пак, од наследственото свое му даде дар на некого од слугите свои, тој подарок ќе му припаѓа само до ослободувањето негово, а потоа тој ќе му се врати на кнезот. Само на неговите синови треба да остане наследството негово. Но кнезот нема право да зема од наследствениот дел на народот, гонејќи ги луѓето од нивните владенија; само од своето владение тој може да дава на децата свои, та никој од народот Мој да не биде изгонет од неговото владение.« И ме доведе тој до ходникот, што се наоѓаше откај вратите, во светите соби за свештениците, свртени кон север, а таму, ете, имаше едно место во дното кон запад. И ми рече: »Ова е местото каде што свештениците треба да ја варат жртвата за престап и жртвата за грев, каде што треба да го печат лебниот принос, не изнесувајќи го во надворешниот двор, за осветување на народот.« Па ме изведе во надворешниот двор и ме проведе по четирите агли на дворот, и, ете, – при секој доврен агол имаше пак двор. Во сите четири дворни агли имаше покриени дворови, по четириесет лакти во должина и по триесет лакти во ширина, сите четири имаа иста мерка. Насекаде околу четирите имаше ѕидови, а при ѕидовите беа направени огништа наоколу. И ми рече: ете, тоа се готварниците, во кои служителите во храмот ги варат народните жртви. Потоа ме врати кај вратата на храмот, а ете, таму, под прагот на храмот течеше вода кон исток, бидејќи храмот беше свртен кон исток, и водата течеше од под десната страна на храмот, јужно од жртвеникот. Ме изведе низ северната врата и однадвор ме поведе кон надворешната врата, по патот, свртен кон исток, каде што водата течеше од десната страна. Кога тој човек појде кон исток, во раката држеше врвца; тогаш тој измери илјада лакти и ме поведе преку водата; водата беше длабока до глуждовите. Потоа измери уште илјада лакти и пак ме преведе преку водата; водата беше длабока до колена. Измери уште илјада лакти и ме преведе преку: водата беше длабока до појасот. И пак измери уште илјада лакти, а таму веќе имаше поток, преку кој јас не можев да минам, бидејќи водата беше толку висока, што требаше да пливам, оти тој поток не можеше да се прегази. Па ми рече: »Виде ли, сине човечки?« Потоа ме поведе назад кон брегот на потокот. А кога се вратив назад, таму, пак, на бреговите од едната и од другата страна имаше многу дрвја. И ми рече: »Ова вода тече кон источниот дел на земјата, се спушта во рамнината и потоа ќе се влива во морето; и водите на потокот ќе бидат здрави. И секое живо суштество, што ќе се движи таму, каде што се вливаат двете струи, ќе биде здраво; и риби ќе има таму многу, зашто таа вода ќе се влива таму; и водите на морето ќе станат здрави, и каде што ќе се влива тој поток, таму сѐ ќе биде живо. И до него ќе стојат рибари од Ен – Гади до Еглаим, ќе фрлаат мрежи. Ќе има секаков вид риба, како и во големото море, и ќе има многу, многу риба. Калиштата и барите негови, што нема да стана здрави, ќе бидат оставени за сол. По бреговите на потокот од едната и од другата страна ќе растат секакви дрвја, што ќе даваат храна; лисјата нивни нема да свенуваат и плодовите нивни нема да завршуваат; секој месец ќе зреат нови, оти водата од светилиштето тече за нив; плодовите нивни ќе служат како храна, а лисјата нивни – за лек.« Вака вели Господ Бог: »Еве ја распределбата, според која вие ќе треба да ја разделите земјата во наследство помеѓу дванаесетте Израилеви колена – на Јосифовите два дела. Па наследете ја, како едниот, така и другиот; зашто Јас, кога ја кренав раката, се заколнав дека ќе им ја дадам на татковците ваши, и таа земја ќе ви биде наследство. А еве ја границата на земјата: од север, почнувајќи од големото море, преку Хетлон, по патот за Цедад, Емат, Берот, Сивраим, што се наоѓа меѓу областа на Дамаск, и Емат, Хацар Тихон, кој се наоѓа на Авранската граница. И границата од морето ќе биде до Хацар Енон, границата со Дамаск и понатаму на север сѐ до областа Емат: тоа ќе биде северниот крај. Од источната страна повлечете црта меѓу Авран и Дамаск, меѓу Галад и земјата Израилева, по реката Јордан сѐ до морето источно: тоа е источната граница. А од јужната граница спрема југ од Тамара до водата на Мерива во Кадис, сѐ по должината на потокот до големото море: тоа е јужната граница. Западната граница ќе биде великото море, од југ до местото спроти Емат: тоа е западната граница. Разделете си ја таа земја на делови според Израилевите колена. А разделете ја со жреб како наследство свое и наследство на другоземци, што живеат при вас, и кои родиле деца при вас, па и тие нека се сметаат како туѓоземци, и да имаат дел од наследството меѓу колената Израилеви. При чие колено живее туѓоземец, при него дајте му и негово наследство«, вели Господ Бог. А ова се имињата на колената. На север, по патот што води од Хетлон за Емат и Хацар Енон, на меѓата меѓу Дамаск и Емат, сето тоа од исток па сѐ до морето е еден дел за Дан. А од границата на Дан, од север па до запад, тоа е еден дел за Асира. Од границата, пак, на Асира, од источниот крај па до западниот, тоа е дел еден за Нефталима. До границата на Нефталима, од источниот крај па сѐ до западниот, тоа е еден дел за Манасија. До границата на Манасија, од исток до запад, тоа е еден дел за Ефрема. До границата на Ефрема, од источниот крај па сѐ до западниот, тоа е еден дел за Рувима. До границата на Рувима, од исток до запад, тоа е еден дел за Јуда. А до границата на Јуда, од исток до запад, е свештениот дел, широк дваесет и пет илјади трски и долг колку што се и другите делови, од исток па сѐ до запад? Во средината негова се наоѓа светилиштето. Делот што е посветен за Господа ќе биде долг дваесет и пет илјади трски, а широк десет илјади. И тој свештен дел треба да им припаѓа на свештениците, кој е од северната страна долг дваесет и пет илјади лакти, а од кај морето – широк десет илјади, и од кај исток – широк десет илјади, а од кај југ долг ќе биде дваесет и пет илјади, додека спроти него ќе биде поставено светилиштето на Господа. Дајте им го тоа на свештениците од синовите на Садока, што Ми стоеја на стража, кога отстапуваа синовите Израилеви, но тие не отстапија од Мене, како што отстапија другите левити. Ним ќе им припадне тој дел од свештената земја, Свјатаја Свјатих, во пределот на левитите. И левитите ќе добијат во свештеничкиот дел дваесет и пет илјади трски надолж и десет илјади нашир; целата должина ќе е дваесет и пет илјади трски, и ширина десет илјади. Од тој дел тие не можат ни да продаваат, ниту да сменуваат; и првините од земјата не можат да ги пренесуваат на други, зашто тоа е светиња Господова. А другите пет илјади лакти во ширина од дваесет и пет илјади и во должина – пет илјади, ќе се определат за општа употреба на градот, за населби и за предградија; градот ќе биде во средината. А еве ги мерките – од северната страна четири илјади и петстотини трски, од јужната четири илјади и петстотини, од источната четири илјади и петстотини и од западната страна – четири илјади и петстотини. Предградието, пак, на градот ќе биде двесте и педесет лакти од север, двесте и педесет од исток, двесте и педесет од југ и двесте и педесет од запад. А она што ќе преостане од должината спроти свештениот дел – десет илјади спрема исток и десет илјади спрема запад, спроти свештениот дел, ќе биде земја, чии производи ќе служат за исхрана на работниците во градот. Во градот ќе можат да работат работници од сите Израилеви колена. Одвоениот дел од дваесет и пет илјади лакти во должина и дваесет илјади во ширина, четириаголен, определете го како свештен дел, вклучувајќи ги во него и владенијата на градот. А сѐ што ќе остане, да биде за кнезот. Како откај свештениот дел, така исто и откај владенијата на градот, спроти дваесет и петте илјади трски до источната граница, на делот, и на запад спроти дваесет и петте илјади лакти на западната граница, сразмерно со сите делови е делот на кнезот, така што свештениот дел и светилиштето да бидат во средината негова. А она што ќе остане од левитските владенија и од владенијата на градот во средината, ќе му припадне исто така на кнезот: меѓу границата на Јуда и меѓу границата на Венијамина. Остатокот, пак, од колената, од источниот крај до западниот – е еден дел за Венијамина. До границата на Венијамина, од исток до запад, ќе биде еден дел за Симеона. До границата на Симеона, од исток па до запад, тоа ќе биде еден дел за Исахара. До границата на Исахара, од источниот крај па до западниот, ќе е еден дел за Завулона. До границата на Завулона, од исток па до запад, еден дел за Гада. А до границата на Гада, од јужната страна, се протега јужниот крај од Тамара до водите на Мерива во Кадис, по должината на потокот сѐ до големото море. Ете, тоа е земјата што со жреб ќе ја разделите меѓу Израилевите колена, и тоа се деловите, вели Господ Бог. А ова се излезите на градот: од северната страна – четири илјади и петстотини мерки, и портите на градот се именувани со имињата на колената Израилеви: од северната страна три порти – Рувимова, Јудина, Левиева. И од источната страна – четири илјади и петстотини мерки, со три порти – Јосифова, Венијаминова, Данова. И од јужната страна – четири илјади и петстотини мерки, со три порти: Симеонова, Исахарова и Завулонова. Од страната на морето, пак, – четири илјади и петстотини мерки, и три порти: Гадова, Асирова и Нефталимова. А мерката наоколу ќе изнесува осумнаесет илјади. И градот од тој ден ќе се именува: »Господ е таму«. Слово Господово што беше упатено до Осија, во деновите на јудејските цареви Озија, Јоатама, Ахаза, Језекија и во деновите на Израилскиот цар Јеровоам, синот Јоасов. Почеток на словото Господово до Осија. Му рече Господ на Осија: »Оди и земи жена блудница, па роди деца во блудство; зашто оваа земја многу блудствува, откако отстапи од Господа.« И тој отиде и ја зеде Гомер, ќерката на Дивлаима, која зачна и му роди син. Тогаш Господ му рече: »Стави му има Језраел, зашто уште малку и Јас ќе му се одмаздам на Јујневиот дом за крвта пролеана во Језраелот и ќе го укинам царството на Израилот, и во тој ден ќе го поразам лакот на Израилот во долината Језраел.« Таа пак зачна и роди ќерка, и Он му рече: »Именувај ја Лорухама, зашто Јас веќе нема да го помилувам домот Израилев, и да им проштевам. А домот Јудин ќе го помилувам и ќе ги спасам преку нивниот Господ Бог, не со лак, ниту со меч, ни со војска, ниту со коњи и коњаници.« Потоа, откако ја одби од доење, одново зачна и роди син. И му рече Он: »Наречи го со името Лоам, зашто вие не сте Мој народ, и Јас нема да бидат ваш Бог. Но бројот на синовите Израилеви ќе биде како песокта морска, кој не ќе може ни да се измери ниту да се изброи; и место да им речат – вие не сте Мој народ – ќе им се рече – вие сте синови на живиот Бог. И ќе се соберат синовите Јудини и синовите Израилеви заедно и ќе си постават еден старешина и ќе излезат од земјата, зашто голем е денот на Језраелот.« Речете им на браќата свои: ‚народ Мој‘ и на сестрите свои ‚помилувана.‘ Судете се со својата мајка, расправајте се; зашто таа не е Моја жена, и Јас не сум ѝ маж нејзин; нека го отфрли блудството од лицето свое и прељубодејството од градите свои, за да не ја сотрам, за да не ја соблечам гола и да не ја покажам како во денот на нејзиното раѓање, и да не ја направам пустелија, за да не ја претворам во сува земја и да не ја усмртам со жед. И децата нејзини нема да ги помилувам, зашто тие се деца од блудство. Бидејќи мајката нивна блудствуваше, се осрамоти онаа, која ги зачна, зашто си велеше – ќе тргнам по милениците свои, кои ми даваат леб и вода, волна и лен, елеј и пијалок. Ете, затоа Јас ќе ѝ го препречам патот нејзин со трње и ќе ја заградам со ограда, и таа не ќе може да ги најде патеките свои; ќе се впушти по милениците, но нема да ги стигне; ќе ги бара, и нема да ги најде; и ќе си рече: ќе се вратам и ќе појдам кај првиот маж; оти тогаш ми беше подобро, отколку сега. А таа не знаеше дека Јас ѝ давав жито, вино и елеј и ѝ го зголемив среброто нејзино и златото, од кое му направија идол на Ваала. Затоа ќе го повратам житото Свое, и виното Свое, кога за тоа ќе му дојде времето и ќе ја одземам волната Своја и ленот Свој, со што се покрива голотијата нејзина. И сега ќе ја откријам срамотијата нејзина пред очите на нејзините миленици, и никој не ќе ја отме од раката Моја. И ќе укинам при неа секаква веселба, празниците и новомесечијата нејзини, и саботите и сите нејзини прослави. И ќе ги запустам лозјата нејзини и смоквите, за кои таа беше рекла: »тоа ми се подароци, со кои ме даруваа милениците мои;« и Јас ќе ги претворам во шума, и полските животни ќе ја изедат. И ќе ја казнам за деновите поминати во служење на Вааловците, кога им кадела и ги китела со обетки и гривни, одела по милениците свои а Мене Ме заборавила, вели Господ. Поради тоа Јас ќе ја измамам и ќе ја одведам во пустиња, па ќе му зборувам на нејзиното срце. И ќе ѝ ја дадам оттаму лозата нејзина и долината Ахор како трем на надеж; и таму таа ќе пее како во деновите на својата младост и како во денот кога излезе од Египетската земја. И во тој ден, вели Господ, ти ќе Ми велиш – мажу мој, и нема повеќе да Ми велиш – Ваалу мој. И ќе ги премавнам од устата нејзина имињата на Вааловците, и нема повеќе да се спомнува името нивно. И во тоа време поради нив ќе склучам сојуз со животните полски, со птиците небески и со лазачите по земјата; а лак, и меч, и војна ќе истребам од таа земја, и ќе им дозволам да живеат во безопасност. И ќе те свршам за Себе вечно, и ќе те свршам за Себе во правда и суд, во благослов и милосрдност. И ќе те свршам за Себе во верност и ти ќе Го познаеш Господа. И во тој ден Јас ќе чујам, вели Господ, Јас, ќе го чујам небото, и тоа ќе ја чуе земјата, и земјата ќе го чуе житото и виното и елејот; а тие ќе го чујат Језраела. И ќе ја посеам за Себе на земјата, и ќе ја помилувам непомилуваната и ќе му речам на не Мојот народ: »ти си Мој народ«, а тој ќе рече: »Ти си мој Бог!« Потоа Господ ми рече: Оди и засакај ја жената, која ги сака злото и прељубата, како што Господ ги сака синовите Израилеви, а тие гледаат по туѓи богови и ги сакаат нивните питки од грозје. Ја придобив за петнаесет сребреници и за гомер и полугомер јачмен; па ѝ реков: Остани при мене повеќе денови; не блудствувај и не оди со други; а и јас ќе бидат само со тебе. Зашто синовите Израилеви ќе останат долго време без цар, без кнез и без жртви, без жртвеник, без ефод и без јавување. Потоа синовите Израилеви ќе се повратат и ќе Го побараат Господа, својот Бог, и Давида, својот цар, ќе се чудат пред Господа на Неговата благост во последните дни. Чујте го словото Господово, синови Израилеви; зашто Господ ќе им суди на жителите од оваа земја, оти нема ни вистина, ни милосрдие, ниту знаење за Бога на земјата. Клетва и измама, убиство, кражби и прељубодејства многу се распространија, и крвта со крв се измешува. Затоа таа земја ќе се расплаче, и ќе се истоштат сите, што живеат на неа, заедно со полските животни и птиците небески; дури и рибите во морето ќе загинат. Но никој да не се препира и никој никого да не обвинува; и твојот народ е како оние што спорат со свештеникот. Ти ќе паднеш дење, и со тебе пророкот ќе падне ноќе, а Јас ќе ја погубам твојата мајка. Мојот народ се оприличил на тие што немаат знење, зашто ти си отфрлил знаење, и јас ќе те отфрлам од свештенодејството пред Себе; бидејќи го заборави законот на својот Бог, и Јас ќе ги заборавам децата твои. И колку повеќе се размножуваат, толку повеќе и грешат против Мене; затоа славата нивна ќе ја претворам во бесславие. Тие се хранат со гревовите на Мојот народ, и кон беззаконијата негови се стреми душата нивна. И што ќе стане со народот, тоа ќе се случи и со свештеникот; ќе го казнам според патиштата негови и ќе му платам според делата негови. Ќе јадат – и нема да се наситуваат; ќе блудствуваат и нема да се размножуваат, оти престанаа да Му служат на Господа. Блудството, виното и пијалоците ги овладеале срцата нивни. Мојот народ го прашува дрвото, и неговиот жезал му дава одговор; зашто духот на блудството ги вовел во залуда, па блудствувајќи, тие отстапија од својот Бог. Принесуваат жртви по планинските врвови и по ридовите кадат под даб, топола и брест, оти тие имаат добри сенки; затоа ќерките ваши блудствуваат, а снаите ваши прељубодејствуваат. Нема да ги казнувам ќерките ваши кога блудствуваат, и снаите ваши кога прељубодејствуваат, оти вие самите сте блудници и со миленици принесувате жртви, а простиот народ гине. Ако ти, Израиле, блудствуваш, Јуда барем да не грешеше; и не одете во Галгал, не влегувајте во Бет-Авен и не колнете се со клетвата: жив е Господ! Израилот е упорен како упорна јуничка; па ќе ги пасе ли затоа Господ како јаганца на широка ливада? Ефрем се поврзал со идолите; остави го! Одвратно е пијанството нивно; наполно се предале на блудство; нивните кнезови сакаат сѐ што е срамно. Ветрот ќе ги притегне со крилјата свои, и тие ќе се засрамат од жртвите свои. Чујте го ова свештеници, и внимавај ти, доме Израилев, и приклони го увото, доме царев, оти вам ќе ви се суди, зашто бевте замка во Масифа и оптегната мрежа во Тавор. Длабоко потонаа во расипаност, но Јас ќе ги казнам сите нив. Ефрема Јас го познавам, но и Израилот не е сокриен од мене; оти и ти блудствуваш, Ефреме, а ти, Израиле, се оскверни. Делата нивни не ги оставаат да се обрнат кон својот Бог, оти блудството нивно, е внатре во нив, па затоа и Господа не Го познаваат. И гордоста на Израилот е понизена во очите нивни; затоа и Израил и Ефрем ќе паднат поради беззаконијата свои; а ќе паде и Јуда со нив. Со овците свои и со воловите свои ќе тргнат да Го бараат Господа и нема да Го најдат; Он се оттргнал од нив. Тие го изневерија Господа, зашто изродија туѓи деца; и сега новата месечина ќе ги проголта заедно со имотите нивни. Затрубете со рог во Гива, со труба во Рама, и викајте во Бет-Авен: »По тебе, Венијамине!« Во денот на казнувањето Ефрем ќе стене пустиња; Јас го соопштив тоа меѓу колената Израилеви. Водачите на Јуда останаа како оние што преместуваат меѓи; ќе го излеам врз нив гневот Мој како вода. Ете, Ефрем е угнетен, поразен е преку суд, оти посака да оди по суетни работи. И ќе биде како молец за домот на Ефрема и како црв за домот на Јуда. Ја виде Ефрем болеста своја и Јуда раната своја; и тргна Ефрем кон Асур и прати по царот Јарим за да го брани; но тој не ќе може да ве излекува, и нема да ви ја исцели раната ваша. Оти Јас сум како лав за Ефрема и како лавче за домот на Јуда; Јас, Јас ќе раскинам и ќе си заминам; ќе однесам и никој нема да ги спаси. Ќе тргнам и ќе се вратам во Своето место, додека тие не признаат оти се виновни, и не го побараат лицето Мое. Во болката своја тие од рано утро ќе Ме бараат и ќе велат: да одиме и да се вратиме кон Господа, зашто Он ќе нѐ рани, и Он ќе нѐ исцели, ќе нѐ порази – и ќе ни ги преврзе раните наши; ќе нѐ оживее за два дена, а во третиот ќе нѐ подигне, и ние ќе живееме пред лицето Негово. И така, сега да се стремиме да Го познаеме Господа; појавата Негова е како утрена зора, и Он ќе дојде при нас како дожд; како доцен и ран дожд ќе ја наполни земјата. Што да ти направам, Ефреме? Што да ти направам, Јудо? Чесноста ваша е како утрена магла и како роса што брзо исчезнува. Затоа Јас ги поразив преку пророците и ги биев со зборови од устата Своја, и судот Мој е како светлина што ќе изгрева. Оти Јас сакам повеќе милост, а не жртва, и познавање на Бога, отколку жртва сепаленица. А тие, како Адам, го нарушија заветот, и таму Ме изневерија. Галад е град на беззаконици, испрскан со крв. Како разбојници го дочекуваат човека така, здружени свештеници убиваат по патот за Сихем и вршат лоши работи. Во домот Израилев гледам ужасни работи; таму Ефрем блудствува, Израилот се извалка. И за тебе, Јудо, е определена жетва кога ќе го повратам од ропството Мојот народ. Додека го лекував Израилот, се откри неправдата на Ефрема и злодејанието на Самарија, оти тие лажат, и крадец се замешал, и разбојник граби по улиците. И не помислуваат во срцето свое дека Јас ги помнам сите нивни беззаконија; а сега ги обиколуваат нивните дела; пред лицето Мое се. Со злодејанија го веселат царот свој и со лагите свои – кнезовите. Од прељубодејство тие сите горат како печка вжарена од лебарот, кој престанува да ја угорува, штом ќе го замеси тестото, и тоа скисне. »Денот е на царот наш!« – велат кнезовите, разгорени до болест од вино, а тој ја протега раката своја кон подбивачите. Оти со сплетките свои тие го прават срцето свое слично на печка: лебарот нивни спие цела ноќ, а утрината таа гори како вжарена печка. Тие сите се распалени како фурна и си ги голтаат судиите свои; нивните цареви паѓаат и никој од нив не вика кон Мене. Ефрем се смешал со народите, и станал како пита непревртена. Туѓинци му ја одземаат силата негова, но тој не забележува, косата му побелела, а тој не знае. И гордоста на Израилот е понизена во очите нивни – и покрај сето тоа не се обрнаа кон Господа, својот Бог, и не го побараа. А Ефрем стана како глупав гулаб – без срце: ги повикуваат Египтјаните, одат во Асирија. Каде и да појдат, Јас ќе ја фрлам мрежата Своја врз нив; како птици небески ќе ги кутнам; ќе ги казнам, како што беше речено во нивното собрание. Тешко нив, оти отстапија од Мене; погибел за нив, зашто се одметнаа од Мене. Јас ги спасував, а тие изрекуваа лага против Мене. А не повикаа кон Мене од сѐ срце, кога пискаа по леглата свои; ридаа на своите постели заради леб и вино, а од Мене отстапуваат. Јас ги вразумував и ги утврдував мишките нивни, а тие замислија зло против Мене. Тие се свртуваа, но не кон Севишниот. Стави ја трубата на уста! Непријателот како орел ќе налета на Домот Господов, оти тие го нарушија заветот Мој и го престапија законот Мој. Ќе викаат кон Мене: »Боже мој, ние Те познаваме; ние сме Израилот.« Израил го отфрли доброто; затоа непријател ќе го гони. Си поставаа цареви свои, без Мене; си избираа кнезови, пак без Мене; од среброто свое и од златото свое направија идоли: оттаму е погибелта. Те остави тебе телето твое, Самаријо; се распали гневот Мој против нив; до кога ли не ќе можат да се исчистат оние што се во Израилот? И него уметник го направил, тоа не е бог; затоа те мамеше телето твое, Самаријо. Бидејќи сееја ветар, бура ќе пожнеат; житни стебленца со корен тој не ќе има; зрното нема да даде брашно; ако, пак, и даде, туѓинци ќе го изедат. Проголтан е Израилот; меѓу народите сега е како негоден сад. Тие отидоа при Асирецот како див осел, кој самотно скита; Ефрем со подароци придобиваше благонаклоност спрема себеси. Па, иако праќаше дарови на народите, наскоро Јас ќе ги соберам, и тие ќе почнат да страдаат од царот и кнезовите; оти Ефрем изгради многу жртвеници за грев – за грев и му послужија тие исти жртвеници. Му напишав важни закони, но тој ги сметаше за туѓи. Во жртвените приноси Мене Ми принесуваат месо и го јадат; на Господа тие не му се угодни; сега Он ќе се присети за нивното бесчестие и ќе ги казни за гревовите нивни; тие ќе се вратат во Египет. Израил го заборави Создателот свој и си изгради идолски светилишта, а и Јуда изгради многу утврдени градови; но Јас ќе испратам оган врз градовите негови – и тој ќе му ги проголта дворците негови. Не радувај се, Израиле, со преголема веселба како другите народи, оти блудствуваш, откако отстапи од својот Бог – и ги милуваш даровите од блуд по сите житни гумна. Гумното и кацата нема да ги нахранат, а виното ќе ги измами. Тие нема веќе да живеат во земјата Господова: Ефрем ќе се врати во Египет и во Асирија ќе јадат нечисто. Нема да вршат преливи со вино за Господа, и неугодни ќе Му бидат жртвите нивни; тие ќе им бидат како леб на нажалени: по сите што ќе го јадат, ќе се осквернуваат, оти нивниот леб е само за душите нивни, а во домот Господов тој нема да се внесе. Што ќе правиш во деновите на собирите и во деновите на празникот Господен? Оти сите тие ќе си заминат поради запустувањето; Египет ќе ги прибере, Мемфис ќе ги погребе; нивните сребрени драгоцености коприви ќе ги прекријат, во шаторите нивни ќе има трнливи грмушки. Дојдоа деновите на твојата казна, дојдоа деновите за отплата. Нека разбере Израилот дека е глупав претскажувачот, безумен е оној што изјавува оти е вдахновен, поради многуте беззаконија и големата омраза. Ефрем е на стража до мојот Бог; пророкот е како мрежа за лов на птици по сите негови патишта; има соблазна во домот на неговиот Бог. Многу ниско падна, останаа развратени како во деновите на Гива; но Он ќе се присети за нивните беззаконија, ќе ги казни за нивните гревови. Како грозје во пустиња го најдов Израилот; како чувар на ран плод на смоква, ги видов Јас татковците нивни, но тие отидоа кај Ваалфегор и се оддадоа на срамни работи, па и самите станаа нечисти како оние, што ги беа засакале. Славата на Ефрема ќе одлета како птица; нема да има при нив ни раѓање, ни бременост, ниту зачнување. Па макар и да одгледале деца свои, Јас ќе ги одземам; оти тешко ним, кога ќе се оттргнам од нив. Ефрем, како што го видов Јас до Тир, се поставил на убаво место; но Ефрем ќе ги изведе децата свои при убиец. Дај им, Господи, а што да им дадеш? Дај им утроба, што не раѓа, и – суви гради. Сето зло им е во Галгал; таму ги замразив Јас поради нивните лоши дела; ќе ги изгонам од Мојот дом, нема повеќе да ги сакам; сите нивни кнезови се отстапници. Поразен е Ефрем; се исуши коренот нивни – нема да принесуваат плод; ако и да родат, Јас ќе го умртвам нивниот сакан плод во утробата нивна. Ќе ги отфрли Бог, оти тие не Го послушаа, па затоа ќе бидат скитници меѓу народите. Израилот е разгранета лоза; колку повеќе таа има плод, толку повеќе се умножуваат жртвениците; колку му е подобра земјата, толку повеќе се украсуваат идолите. Разделено е срцето нивно, и затоа ќе бидат казнети: Он ќе ги разруши нивните жртвеници, ќе ги здроби идолите нивни. Сега тие велат: »Немаме цар, зашто не се уплашивме од Господа, а царот – што ќе ни прави тој?« Зборуваат, даваат лажни завети, склучуваат сојузи; затоа над нив ќе има суд, како трева отровна по браздите на нивните ниви. За телето во Бет-Авен ќе затреперат жителите на Самарија; ќе заплаче за него народот негов, и жреците негови, кои се радуваа со него, ќе плачат за славата негова, оти неа ќе ја снема од него. И тој самиот ќе биде врзан и одведен во Асирија како дар на царот Јарим; посрамен ќе биде Ефрем, и ќе се засрами Израилот поради својот заговор. Ќе го отфрли Самарија својот цар, како пена над вода. И ќе бидат истребени идолските светилишта на Авен, гревот Израилев; во трње и боцки ќе обраснат жртвениците негови, па ќе им речат на планините – покријте нѐ, а на ридовите, паднете врз нас! Повеќе згреши, Израиле, отколку во деновите на Гива; таму тие опстојаа, војната во Гаваон против синовите на беззаконието не ги постигна. По своја желба ќе ги казнам; ќе се соберат против нив народите, и тие ќе бидат заробени поради двојниот нивни престап. Ефрем е обучена јуничка, свикната да врши, и Јас Самиот на нејзиниот убав врат ќе ѝ ставам ам; па Ефрем ќе влече, Јуда ќе ора, а Јаков ќе брани. Сејте правда – па да пожнеете милост; разорувајте ја рамнината, оти време е да Го побарате Господа, и така Он, штом ќе дојде, да ве одржи во правда. Одгледавте беззаконие – ожнеевте нечестие, јадевте плод на лагата, оти ти се надеваше на својот пат, на многуте војници. И ќе се појави смут во твојот народ, и сите твои тврдини ќе бидат разрушени, како што Салман го разруши Бет-Арбел во денот на битката: мајка биваше убивана заедно со децата. Ете, така ќе направам, доме Израилев, поради неправдата ваша. Во рани зори ќе загине царот Израилев. Кога Израилот беше млад, Јас го сакав и од Египет го повикав синот Свој. Ги повикуваа, но тие ги одбиваа, принесуваа жртви на Вааловци и им кадеа на идолите. Јас Самиот го учев Ефрема да оди, го носев на рацете Свои, а тие не сфаќаа дека со тоа ги лекував. Ги влечев со човечки врски, со врски на љубов, и Јас бев за нив како оној, што ја вади уздата од устата нивна, и кротко им подавав храна. Тој нема да се врати во Египет; Асур – ќе му биде цар, зашто тие не посакаа да се врати при Мене. И меч ќе падне врз нивниот град, ќе ги уништи неговите заштитници, и ќе ги проголта нивните намери. Народот Мој е упорен во отпаѓањето од Мене, макар и да беше навикнуван кон возвишено издигнување, тој сепак не се издигнува еднодушно. Како да постапам со тебе, Ефреме? Како да те предадам, Израиле? Ќе постапам со тебе како со Адама? Ќе ти направам како што му направив на Севоим? Се возбуди срцето Мое во Мене, затрепери утробата Моја од жалост. Нема да постапам според јароста на гневот Свој, и нема да го истребам Ефрема, оти Јас сум Бог, а не човек; кај тебе е Светиот; Јас нема да влезам во градот. По Господа тие ќе одат. Како лав ќе го издигне Он гласот Свој, ќе го пушти гласот Свој – и ќе побрзаат кон Него синовите од запад, ќе полетаат од Египет како птици, и од Асирија – како гулаби, и ќе ги населам во домовите нивни, вели Господ. Ефрем Ме опкружил со лага, а домот Израилев со лукавство; но Јуда сѐ уште се држеше за Бога, и верен беше со светиите. Ефрем пасе ветар и трча кон источниот ветар, секој ден ја зголемува лагата и запустувањето, склучува сојуз со Асур, а во Египет праќа елеј. Но и со Јуда Господ ќе има суд – и Он ќе го посети Јакова по патиштата негови, и Ќе му даде според делата негови. Уште во утробата мајчина тој го задржуваше брата си, а кога порасна, тој се бореше и со Бога. Он се бореше против Ангел – и го победи; заплака и Го замоли; во Ветил Он нѐ најде и таму зборуваше со нас. А Господ е Бог Саваот; Јехова е името Негово. Обрни се и ти кон својот Бог; биди милостив и правичен, и секогаш надевај се на твојот Бог. Хананеецот има неверни мерила во раката своја и сака да онеправдува; И Ефрем вели: »Сепак се збогатив, насобрав многу имот, макар што во сите мои работи не можат да најдат ништо незаконско, што би било грев.« Јас, пак, твојот Господ Бог уште од земјата Египетска, пак ќе те населам да седиш во сеници како во деновите на празникот. Јас им зборував на пророците и ги умножував виденијата, а и преку пророците се служев со споредувања. Ако Галад стана Авен, тоа и тие станаа суетни, во Галгал колеа за жртви телци, а жртвениците им стоеја како купишта камења на меѓите од нивните ниви. Избега Јаков на нивите сириски и Израил служеше за жена, а за жена и овци пасеше. Преку пророк го изведе Господ Израилот од Египет и преку пророк Он го пази. Ефрем многу Го разгневи Господа, па затоа Господ ќе ја остави крвта негова на него, и ќе му го врати срамот негов. Кога Ефрем зборуваше, сите трепереа. Тој беше издигнат во Израилот; но беше згрешил со Ваала, а затоа загина. А сега го умножуваат гревот: направија идоли излеани од сребро, онака како што сами ги разбираа – уметничка работа – па им велат на луѓето да принесуваат жртви и да ги целиваат телињата. Поради тоа тие ќе бидат како утрена магла, како роса, што брзо исчезнува, како плева што ветар ја однесува од гумното, како дим од димник. Но Јас сум Господ, твојот Бог. Од земјата Египетска – и ти не треба да имаш друг Бог освен Мене, нема Спасител освен Мене. Јас те познав во пустињата, во засушената земја. Па, имајќи пасишта, тие беа сити; а кога се заситуваа, срцето им се возгордуваше, и поради тоа Мене Ме забораваа. И Јас ќе бидам како лав за нив, како лавче што демне покрај пат. Ќе напаѓам врз нив како мечка, чии мечиња се грабнати: ќе им ги истргнувам срцата нивни и ќе ги изедам таму како лавица, полските ѕверови ќе ги раскинуваат. Ти пропаѓаш, Израиле, зашто само во Мене е твојата потпора. Каде ти е сега царот? Каде се твоите судии, за кои велеше: »дај ни цар и началници!« Јас ти дадов цар во гневот Свој, но ти го одзедов во јароста Своја. Врзано е беззаконието на Ефрема, останат е гревот негов. Родилни маки ќе претрпи; тој е неразбран син, инаку не би останал во положба на тукушто родено дете. Од власта на пеколот ќе ги откупам, од смртта ќе ги избавам. Смрт – каде ти е силата? Каде ти е тебе, пеколу, победата? За тоа нема да се покажам. Иако е Ефрем плоден меѓу браќата, но ќе дојде источен ветар, ќе се крене ветрот Господен од пустињата, и ќе го пресуши изворот негов, тој ќе го однесе богатството од сите сокровишта. Опустошена ќе биде Самарија, зашто се крена против својот Бог; од меч ќе паднат тие, нивните младенци на камен ќе бидат разбивани, а бремените жени ќе бидат распарувани. Обрни се, Израиле, кон Господа твојот Бог; зашто ти пропаѓаш поради своето беззаконие. Подгответе се молитвено, и обратете се кон Господа и речете Му: »Прости ни ги сите беззаконија наши и прими нѐ добро, а ние ќе принесеме жртва од устата наша.« Асур повеќе нема да нѐ спасува; и нема повеќе да јаваме на коњи и на своите уметнички творби да им велиме: »О, богови наши; зашто само Ти си милосрден кон сираци.« Ќе го излекувам одметнувањето нивно, благонаклоно ќе ги засакам, зашто гневот Мој се одврати од нив. Јас ќе бидам роса за Израилот; тој ќе цвета како крин и ќе пушти корења како дрвјата на Ливан. Ќе се рашират гранките негови, и убавината негова ќе биде како убавина на маслина, и мирисот од него како мирис од Ливан. Ќе се вратат оние, кои седеа под неговата сенка, и ќе имаат жито во изобилие – па ќе цветаат како лоза, ќе станат славни како виното ливанско. Зошто ми се идолите уште – ќе рече Ефрем. И Јас ќе го чујам и милостивно ќе погледнам на него; ќе бидам како зелен кипарис: од Мене ќе ти бидат плодовите. Кој е мудар, нека го разбере ова; кој е разумен нека го познае тоа. Оти патиштата Господови се прави, и праведниците ќе одат по нив, а беззакониците ќе паѓаат на нив. Слово Господово до Јоила, синот Ватуилов. Чујте го ова, старци, и внимавајте сите жители на оваа земја: се случувало ли ова во вашите денови или во деновите на вашите татковци? Раскажувајте за него на децата ваши; а децата ваши нека им раскажуваат на нивните деца, и нивните деца – на следниот род; сѐ што остана од гасениците, го изедоа скакулците; а што остана од скакулците, го изедоа црвите; и што остана од црвите, го изедоа бумбарите. Разбудете се пијаници, плачете и ридајте, вие сите што пиете вино, за сокот гроздов, зашто е одземен од устата ваша. Зашто против земјата моја дојде народ силен и безброен; забите му се како заби на лав, а челустите како челуст на лавица. Тој ми ја опустоши лозата, и смоквата ми ја откорна, ја обели до голо и ја фрли; гранките ѝ останаа бели. Плачи како што плаче млада жена, опашана со вреќиште, за мажот од својата младост. Се прекрати лебниот принос и преливот за него во домот Господен; плачат и свештениците, служителите Господови. Опустошено е полето, тагува земјата, оти е уништено житото; се исуши гроздовиот сок, овенала маслината. Црвенете се од срам, земјоделци, плачете лозари, за пченицата и за јачменот, оти нема веќе жетва по нивите, лозата се исуши, смоквата свена, нарот, палмата и јаболкницата – сите дрвја по полето се исушија; поради тоа и веселбата кај синовите човечки исчезна. Препашете се со кострет, свештеници, и плачете; ридајте, служители на Светилиштето. Влезете и ноќевајте, служители на мојот Бог, во кострет, зашто во Домот на вашиот Бог нема веќе лебен принос и прелив. Определете пост, објавете свечен собир, повикајте ги старците и сите жители од тој крај во домот на Господа, вашиот Бог – викајте кон Господа. О каков ден! Оти денот Господен е близу; и ќе дојде како запустување од Сесилниот. Зар пред очите наши не се одзеде храната, и од домот на нашиот Бог – веселбата и радоста? Изгниени се зрната во своите лушпи, запустени се житниците, урнати се амбарите, оти нема веќе жито. Ете, стенка добитокот, нажалени одат стадата волови, зашто нема за нив пасиште; се измачуваат и стадата овци. Кон Тебе, Господи, викам, оти оган ги проголта сочните пасишта во пустињата, и пламен ги подгори дрвјата во полето. Дури и животните во полето викаат кон Тебе, зашто секна водата по потоците, и оган ги изгори пасиштата во пустињата. Трубете со труби на Сион и викајте на Мојата света гора; нека треперат сите жители земни, оти настапува денот Господен, бидејќи е близу, денот на темнина и мрак денот облачен и маглив: како зората ќе се шири по горите многуброен народ и силен каков што немало од векот и каков што не ќе има потоа од род во род. Пред него оган ќе голта, а зад него пламен ќе пали; пред него е земјата како Едемска градина, а зад него земјата ќе биде опустошена како пустиња, и за никого од него нема да има спас. Изгледаат како коњи, потскокнуваат како коњаници, скокаат преку горските врвови како со тропот од коли, како праскот од огнен пламен, кој гори слама – како силен народ построен за борба. Штом ќе се појави, ќе затреперат народите; лицата на сите ќе им пребледат. Како борци ќе трчаат и како храбри борци ќе се искачуваат по карпите, и секој ќе си оди по својот пат и нема да се отстранува од патот свој. И нема да се притискаат еден со друг, а ќе паѓаат врз копја, но ќе остануваат неповредени. Ќе трчаат по градот, ќе се искачуваат по ѕидовите, ќе влегуваат во куќите, ќе влегуваат и низ прозорците како крадачи. Пред нив ќе се потресе земјата, ќе се расклати небото, сонцето и месечината ќе потемнат, а и ѕвездите ќе ја изгубат светлината своја. И Господ ќе го пушти гласот Свој пред Својата војска, зашто силата воинствена Негова е многу голема, и силен е оној што ќе ја извршува волјата Негова; оти голем е денот Господен и многу е страшен, и кој ќе истрпи? Но и уште сега вели Господ: обрнете се кон Мене од сѐ срце со пост, плач и ридание. Раскинете ги срцата свои, а не облеката и обрнете се кон Господа вашиот Бог: зашто Он е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив и сожалува за злото. кој знае дали нема да се смили и дали ќе остави благослов: лебен принос и прелив за Господа, вашиот Бог? Затрубете со труба на Сион, наредете пост и објавете свечен собир. Соберете го народот, свикајте собир, поканете ги и старците, соберете ги децата и цицалчињата; нека излезе младоженецот од својата одаја и невестата од својата горна одаја. Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, служителите на Господа и нека велат: »Смилувај се, Господи, над народот Свој, не предавај го наследството Свое на срам, та да не се подигруваат со него народите! Зошто меѓу нив да се зборува – каде е нивниот Бог?« Тогаш Господ ќе поревнува за земјата Своја, па ќе се смили и на народот Свој. Тогаш ќе одговори Господ и ќе му рече на народот Свој: »Еве, Јас ќе ви пратам леб, вино и елеј, и ќе се наситите со тоа, и нема повеќе да ве предавам на поруга пред народите. И непријателот од север ќе го мавнам и ќе го протерам во безводна и пуста земја – предната сила – во источното море, а задната – во западното море, и ќе се крене омразата од него, и ќе се почувствува смрдеа, зашто тој беше направил големо зло. Не бој се, земјо; радувај се и весели се, зашто голем е Господ и може да го направи тоа. Не бојте се ѕверови полски, зашто пасиштата на пустињата ќе се наполнат со трева, дрвјата ќе го дадат својот плод, смоквата и лозјата ќе ја покажат својата сила. А и вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господа, вашиот Бог; оти Он ќе ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа дожд – дожд ран и дожд доцен, како и порано. И ќе се наполнат гумната со жито и ќе се преполнат бочвите со гроздов сок и со елеј. И ќе ви надоместат за оние години, кога испојадоа сѐ скакулците, црвите, бумбарите и гасениците – Мојата голема војска што ја пратив против вас. И до наситка ќе јадете и ќе се наситувате и ќе го славите името на Господа, вашиот Бог, Кој пред вас изврши големи чудеса, така што Мојот народ нема да се посрами довека. И ќе познаете дека Јас сум меѓу Израилот и дека Јас сум Господ, вашиот Бог, и дека нема друг, и Мојот народ нема да се посрами довека. И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија. А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух. И ќе покажам знаци на небото и на земјата: крв, оган и столбови од дим. Сонцето ќе се преобрати во темнина, а месечината – во крв, пред да настапи денот Господен, великиот и страшниот. Тогаш секој, што ќе го призовува името Господово, ќе се спаси; бидејќи на гората Сион и во Ерусалим ќе има спасение, како што вели Господ, а и по другите места, што ќе ги повика Господ.« Зашто, ете, во оние денови и во тоа исто време, кога ќе ги вратам плениците на Јуда и од Ерусалим, тогаш ќе ги соберам сите народи и ќе ги доведам во долината Јосафатова, и таму над нив ќе изречам суд за Мојот народ и за Моето наследство – Израилот, кого го растурија меѓу народите и земјата Моја ја разделија. За народот Мој фрлија жреб и даваа момче за блудница, и продаваа девојче за вино, па пиеја. Па што барате од Мене вие, Тире и Сидоне и сите краеви филистејски? Сакате ли да Ми отплатите или рака да Ми вратите? Но наскоро ќе ја свртам отплатата ваша врз вашите глави, бидејќи вие го зедовте среброто Мое и златото Мое и Моите највредни драгоцености и ги внесовте во безбожнички светилишта; а синовите на Јуда и на Ерусалим ги продавате на синовите елински, за да ги отстраните од нивните предели. Еве, Јас ќе ги кренам од она место, каде што ги продадовте, и ќе ја свртам вашата отплата врз главите ваши. И ќе ги предадам синовите ваши и ќерките ваши во рацете на синовите Јудини, и тие ќе ги предадат на Савејците, народ далечен. Така вели Господ Саваот. Кажете го ова меѓу народите, пригответе се за војна, кренете ги јунаците, нека дојдат и нека станат сите војници. Прековајте ги плуговите свои во мечеви, а срповите во копја; и слабиот нека вели: силен сум. Побрзајте, вие народи, сите наоколу и соберете се. Господи, поведи ги јунаците Свои! Нека се кренат народите и нека слезат во долината Јосафатова; зашто таму ќе седнам Јас за да им судам на народите по ред. Мавнете со срповите, зашто зрело е житото; одете, слезете, зашто полна е кацата и бочвите се преполнети, оти злобата им е голема. Групи, групи во долината на судот! Оти близу е денот Господен во долината на судот. Сонцето и месечината ќе потемнат, и ѕвездите ќе го изгубат својот сјај. И ќе загрми Господ од Сион и ќе го испушти гласот Свој од Ерусалим: ќе затреперат небото и земјата; но Господ ќе му биде заштита на Својот народ и одбрана за синовите Израилеви. Тогаш ќе познаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог, Кој живее на Сион, на Мојата света гора; и ќе стане Ерусалим светиња, и нема повеќе туѓинци да минуваат низ него. И, ете, во тој ден, во тој ден од горите ќе капе вино, а од ридовите ќе потече млеко, и сите долини јудејски ќе се преполнат со вода, а од домот Господен ќе се појави извор, и ќе ја напојува долината Ситим. Египет ќе стане пустиња и Едом ќе стане пустиња, бидејќи тие ги измачуваа синовите Јудини и проливаа невина крв во земјата нивна. А Јуда ќе живее вечно, и Ерусалим – од род во род. Јас ќе ја измијам крвта нивна, која уште не сум ја измил, и Господ ќе живее на Сион. Зборовите на Амоса, еден од пастирите на Текоја, што ги чува во видение за Израилот во деновите на јудејскиот цар Озија, и во деновите на јудејскиот цар Јеровоам, синот Јоасов, две години пред потресот. И рече тој: Господ ќе загрми од Сион и ќе го пушти гласот Свој од Ерусалим, и ќе се расплачат куќите пастирски, и ќе се исуши врвот на Кармил. Така вели Господ: за трите престапи на Дамаск и за четирите нема да го поштеди, зашто го вршеа Галад со железни орудија. Ќе пуштам оган во домот Азаилов, и тој ќе ги проголта дворците на Венадад. Па ќе ги разбијам резињата на Дамаск и ќе ги истребам жителите од долината Авен, и оној, што држи жезал, од домот Еденов; народот Арамејски ќе отиде во ропство во Кир, вели Господ. Така вели Господ: за три престапи на Газа и за четири нема да ја поштедам, зашто тие ги одведоа сите во ропство, за да му ги предадат на Едома. И ќе испратам оган во ѕидовите на Газа и тој ќе ги проголта дворците нејзини. Па ќе ги истребам жителите на Азот, и оној, што го држи жезалот во Аскалон, и ќе ја свртам раката Своја против Екрон, и ќе загине остатокот на Филистејците, вели Господ. Вака вели Господ: за трите престапи на Тир и за четири нема да го поштедам, зашто тие му ги предадоа на Едома сите заробеници, и не се сетија за братскиот сојуз. Ќе пратам оган во ѕидовите на Тир, и тој ќе ги проголта дворците негови. Така вели Господ: за трите престапи на Едома и за четири нема да го поштедам, зашто тој ги гонеше браќата свои со меч, ги погази родбинските чувства, беше свиреп во гневот свој и секогаш ја држеше јароста своја. Ќе испратам оган врз Теман, и тој ќе ги проголта дворците на Восор. Така вели Господ: за трите престапи на синовите Амонови и за четири нема да ги поштедам, бидејќи тие ги расекуваа бремените жени во Галад, за да ги прошират границите свои. И ќе запалам оган во ѕидовите на Рава, и тој ќе ги проголта дворците нејзини со врисок во денот на бојот и со виор во денот на бурата. И ќе отиде царот нивни во ропство, тој и кнезовите негови заедно, вели Господ. Вака вели Господ: за трите престапи на Моав, и за четири нема да го поштедам, оти тој ги изгоре коските на царот едомски во вар. Па ќе пратам оган врз Моав, и тој ќе ги проголта дворците кериотски, и ќе загине Моав при пораз со шум, при трубен звук. И ќе го истребам судијата негов и ќе ги убијам сите кнезови негови заедно со него, вели Господ. Така вели Господ: за трите престапи на Јуда и за четири нема да го поштедам, заради тоа што го отфрлија Законот на Господа и наредбите Негови не ги запазија; и идолите, по кои одеа татковците нивни, ги отклонија од патот. И ќе испратам оган врз Јуда, и тој ќе ги проголта дворците ерусалимски. Така вели Господ: за трите престапи на Израилот и за четири нема да го поштедам, бидејќи тие продаваат праведен за сребро, и сиромав за две сандали. Чезнеа да видат прав земен врз главите на сиромасите, и патот на кротките го искруваа; дури татко и син одеа при иста жена, за да го бесчестат Моето свето име. При секој жртвеник лежат врз облеки, земени во залог, и вино изнудено од обвинети, пијат во домот на боговите свои. Но Јас ги истребив пред нив Аморејците, чија височина беше како височината на кедар, и кој беше јак како даб; Јас го уништив плодот негов горе, а коренот негов долу. Вас, пак, ве изведов од земјата Египетска и ве водев по пустињата четириесет години, за да ја наследите земјата Аморејска. Од синовите ваши избирав луѓе за пророци и од младичи ваши – за назореи; зар не е така синови Израилеви? – вели Господ. А вие ги поевте назореите со вино и на пророците им заповедавте: »не пророкувајте«. Еве, Јас ќе ве притегнам, како што се стега кола, натоварена со снопја, и брзиот не ќе има сила за бегање, ни јакиот да издржи и храбриот да го спаси животот свој. Ни оној, што стрела со лак, нема да се додржи, ниту брзиот ќе избега, ниту пак оној на коњ ќе го спаси животот свој. И најхрабриот од храбрите во оној ден ќе избега гол, вели Господ. Чујте го овој збор, што го кажа Господ против вас, синови Израилеви, против целото племе, кое го изведов од земјата Египетска велејќи: само вас ве признав од сите земни племиња, поради тоа и ќе ве посетам поради сите ваши беззаконија. Тргнуваат ли двајца заедно, ако не се договорат меѓу себе. Рика ли лав во гора, кога нема пред него плен? Пушта ли глас лавче од својата пештера, ако ништо не уловило во неа? Паѓа ли птица во мрежа на земја, кога нема мрежа за неа? Ќе се подигне ли од земајта стапица, ако не се фати ништо во неа? Труби ли труба во град, а народот да не се уплаши? Се случува ли во градот зло, што не го дозволил Господ? Зашто Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги – пророците. Кога ќе зарика лав, кој е тој што нема да трепне? Господ Бог вели: кој нема да пророкува? Прогласете од покривите на Азот и од покривите од земјата Египетска и кажете: соберете се по горите на Самарија и погледајте го големото бесчестие во неа и насилствата во неа. Тие не знаат да постапуваат справедливо, вели Господ: со насилие и грабеж собираат добра во дворците свои. Затоа вака вели Господ Бог: еве, непријателот е околу земјата, тој ќе ја нападне со сета своја моќ и дворците твои ќе бидат ограбени. Така вели Господ – како што понекогаш пастирот истргнува од лавовска уста две потколенични коски или дел од увото, така ќе бидат спасени синовите Израилеви, кои сега седат во Самарија во аголот на постелата своја и во Дамаск на леглото свое. Слушајте и бидете сведоци против домот на Јаков, вели Господ Бог, Саваот. Зошто во оној ден, кога ќе го посетам Израилот за престапите негови, ќе го испитам и за жртвениците во Ветил; ќе бидат отсечени роговите на жртвеникот и тие ќе паднат на земја. Ќе го поразам зимскиот дом заедно со летниот дом, и ќе исчезнат домовите со украсите од слонова коска, ќе снема многу домови, вели Господ. Чујте го ова слово, јунички васански, вие, кои сте на Самариска гора, вие, кои ги измачувате сиромасите, ги угнетувате бедните и им велите на своите господари: »донесете да пиеме!« Се заколна Господ Бог во Својата светост, дека, ете, ќе дојдат врз вас дни, кога ќе ве извлечат со куки и остатокот ваш – со јадици. Па ќе излезете низ проломите на ѕидовите, секоја – како ќе може, и ќе ги фрлите сите украси, што се во дворците, вели Господ. Одете во Ветил и грешете, во Галгал и умножувајте ги престапите, принесувајте жртви секое утро, десетоци секој трети ден. Принесувајте како благодарствена жртва леб со квас, кажувајте ги доброволните свои приноси и разгласувајте за нив, зашто вие тоа го сакате, синови Израилеви, вели Господ. Затоа и ви дадов чисти заби во сите ваши градови и недостиг од леб по сите ваши населби; но вие не се обрнавте кон Мене, вели Господ. И го задржав по вас дождот три месеци до жетва; пуштив дожд врз еден град, врз друг град не пуштив; еден дел беше напојуван со вода, а другиот – ненаросен со дожд, и се исушуваше. И се собраа два три града во еден град, за да се напијат со вода и не можеа да се напијат до ситост; но и тогаш вие не се обрнавте кон Мене, вели Господ. Ве поразував со суша и метлика по житата: во многу ваши градини и лозја, насади со смокви и маслини ги јадеа гасеници, и при сето тоа пак не се обрнавте кон Мене, вели Господ. Ви праќав помор, како египетскиот, ги убивав со меч момчињата ваши, отакако ги одведов коњите ваши во плен, така што смрад во становите ваши се креваше во ноздрите ваши, и покрај сето тоа не се обрнавте кон Мене, вели Господ. Ве сотирав, како што Бог го разруши Содом и Гомор, и вие бевте истргнати од огнот како гламња, но при сето тоа не се обрнавте кон Мене, вели Господ. Затоа вака ќе постапам со тебе, Израиле; и бидејќи така ќе постапувам со тебе, приготви се да го дочекаш твојот Бог, Израиле. Зашто, ете, Оној е, Кој образува гори и создава ветар и му ги објавува замислите Свои на човекот, утрената светлина ја претвора во мрак и оди високо над земјата. Името Негово е Бог. Чујте го ова слово, со кое ќе кренам плач за вас, доме Израилев. Падна, нема повеќе да стане девицата Израилева! Фрлена е на земјата своја, и нема кој да ја крене. Оти вака вели Господ Бог: град, од кој излегуваат илјадници, ќе остане само со сто, а од кој излегуваат сто, ќе остане само со десет во домот Израилев. Оти така му вели Господ на домот Израилев: побарејте Ме и ќе бидете живи. Не барајте го Ветил, не одете во Галгал и не патувајте во Вирсавија, зашто сиот Галгал ќе појде во ропство, а Ветил ќе се претвори во ништо. Побарајте Го Господа, и ќе бидете живи, за да не се нафрли Он против домот Јосифов како оган, што ќе го проголта, и не ќе има кој да го гасне во Ветил. О, вие, што го превртувате правосудството во отров и правдата ја фрлате на земја! Кој го создал седмоѕвездието и Орион и ја претвора смртната сенка во јасно утро, а денот го прави темен како ноќ, ги извикува морските води и ги разлива по земјата? Господ е името Негово! Он го заштитува рушителот против силниот, и опустошителот влегува во тврдината. А тие го мразат оној, кој изобличува пред портите, и се гаснат од оној, кој кажува правда. Па така, затоа што го измачувате сиромавиот и земате од него подароци во жито, вие ќе изградите домови од делкан камен, но нема да живеете во нив; ќе насадите убави лозја, само вино од нив нема да пиете. Зашто Јас знам колку се многубројни вашите престапи, и колку се тешки вашите гравови; вие сте му непријатели на праведникот, земате поткуп и ги извртувате делата на сиромасите во судот. Поради тоа разумниот човек молчи во тоа време, оти времето е лошо. Барајте добро, а не зло, за да останете живи – и тогаш Господ Бог Саваот ќе биде со вас, како што велите вие. Мразете го злото, сакајте го доброто и поставете правосудство пред портите; можеби, Господ Бог Саваот, ќе се смилува на остатокот Јосифов. Затоа вака вели Господ Бог Саваот, Седржителот: по сите ваши улици ќе има плач, и по сите ваши патишта ќе викаат: Оф, оф! И ќе повикаат земјоделец да жали и искусни за жални песни, да плачат; и по сите лозја ќе има плач, оти Јас минам меѓу тебе, вели Господ. Тешко им на оние, кои го бараат денот Господен! Зашто ви е тој ден Господен? Тој е темнина, а не светлина. Тоа е исто како кога некој ако побегне од лав, па ќе го сретне мечка, или ако дојде дома и се потпре со раката на ѕид, па го касне змија. Зар денот Господен не е мрак, туку светлина? Тој е мрак, и во него нема болскот. Ги мразам и ги отфрлувам празниците ваши и не ги помирисувам жртвите ваши во времето на вашите прослави во собранијата. Ако ми принесете сепаленица и лебен принос, нема да ги примам и нема да погледнам милостиво на благодарствената жртва од вашите угоени телиња. Отстрани го од мене шумот на твоите песни, зашто звуците на твојата гусла нема да ги слушам. Правосудството нека тече како вода, и правдата – како силен поток. Зар не ми принесувавте жртви и дарови во лебови во пустињата во текот на четириесетте години, доме Израилев? Вие ја носевте скинијата Молохова и ѕвездата на вашиот бог Ремфан, ликови што ги направивте за себе. Затоа Јас ќе ве преселам зад Дамаск, вели Господ; Бог Саваот е името Негово. Тешко им на оние што се без грижа во Сион и на оние што се надеваат на гората Самариска, кои се првенци во народот, и при кои доаѓа домот Израилев! Минете во Калне и видете, оттаму одете во Великиот Емат и спуштете се во Гет филистејски: зар не се подобри тие во овие царства? Не ли се пошироки нивните предели од вашите предели? Тешко вам, кои сметате дека е далеку злочестиот ден, а правите да се приближи славата на насилството, вие, кои лежите на легла од слонова коска и се оптегате на постелите свои, вие, кои јадете најдобри овни од стадото и телиња од богато пасиште, вие, кои пеете по звукот на гусла, мислејќи дека свирите како Давид, вие, кои пиете вино од чаша, се мачкате со најдобри масла и не ве боли срцето за злото на Јосифа! Затоа сега тие ќе појдат први во ропство пред заробените, и ќе се заврши ликувањето на разнежените. Се колне Господ Бог Сам во себе и вака вели Господ, Бог Саваот: се гнасам од гордоста на Јакова и ги мразам дворците негови, и ќе го предадам градот и сѐ, што го исполнува. И, ако во некоја куќа останат десет души, и тие ќе умрат. ќе ги земе роднината нивни или соседот, за да ги изнесе коските нивни од куќите, па ќе го прашаат оној, кој стои пред куќата: »има ли уште некого?« Тој ќе одговори: »нема никого«. И овој ќе рече: »молчи, оти не бива да се спомнува името Господово.« Зошто, ете, Господ ќе даде заповед и ќе ги сосипе големите куќи преку расцепување, а малите со напукнување. Трчаат ли коњите по карпа? Може ли таа да се изоре со волови? Вие, пак, го превртувате правосудството во отров, а плодот на правдата – во горчина; вие, што се восхитувате од ништо и од никакви работи и велите: »зар не спечаливме со силата на својата моќ?« Еве, Јас, вели Господ Бог Саваот, ќе подигнам народ против вас, доме Израилев и ќе ве истерам од влезот во Емат до потокот во пустињата. Вакво видение ми откри Господ Бог: еве, Он создаде скакулци, кога почна да изникнува доцнежната трева, и тоа беше тревата по царската косидба. И, ете, кога завршија да ја јадат тревата по земјата, реков: Господе Боже, смили се; како ќе издржи Јаков? Тој е многу мал. И Господ се сожали на тоа: »нема да стане тоа« – рече Господ. Вакво видение ми откри Господ Бог: еве, Господ Бог произведе оган за суд – и тој проголта голема бездна, проголта и дел од земјата. И реков: Господи Боже, запри: »како ќе се додржи Јаков? Па тој е многу мал.« И Господ се сожали на тоа: »и тоа нема да се збидне«, рече Господ Бог. Вакво видение ми откри Он: еве, Господ стоеше на ѕид и во раката имаше оловна висулка. И ми рече Господ: »Што гледаш, Амосе?« Јас одговорив: »Висулка«. И Господ рече: »еве ќе ставам висулка меѓу Мојот народ Израилев; нема повеќе да му проштевам. Опустошени ќе бидат жртвениците Исакови и разрушени ќе бидат светилиштата Израилеви, и ќе се кренам со меч против домот Јеровоамов.« И Амасиј, свештеникот ветилски, прати при израилскиот цар Јеровоама, да кажат: Амос крева бунт против тебе меѓу домот Израилев; земјата не може да ги трпи зборовите негови, оти тој вака вели: од меч ќе умре Јеровоам, а Израилот бездруго ќе биде одведен од земјата своја во ропство. И му рече Амасиј на Амоса: јасновидецу, оди и насели се во земјата Јудина; таму јади леб и таму пророкувај, а во Ветил не пророкувај веќе, оти тој е светиња царева и е царски дом. Му одговори Амос и му рече на Амасија: јас не сум пророк и не сум син на пророк; бев пастир и собирав диви смокви. Но Господ ме зеде од овците и ми рече: оди, пророкувај при мојот народ Израилот. А сега ислушај го словото Господово. Ти велиш: не пророкувај против Израилот и не кажувај зборови против домот Исаков. Затоа, еве, што вели Господ: жената твоја ќе биде обесчестена во градот, синовите твои и ќерките твои ќе паднат од меч, земјата твоја ќе биде разделена со мерна врвка, ти ќе умреш во нечиста земја, а Израилот ќе биде одведен од земјата своја. Вакво видени ми откри Господ Бог: ете, кошница со зрели плодови. И ми рече Он: што гледаш, Амосе? Одговорив: кошница со зрели плодови. Тогаш Господ ми рече: му дојде крајот на Мојот народ Израилот – нема повеќе да му проштевам. Песните во дворците во оној ден ќе се претворат во ридање, вели Господ Бог; ќе има многу трупови, ќе ги фрлаат насекаде молчешкум. Чујте го ова, вие, кои жедувате да проголтате бедни и да погубите сиромаси, вие, кои велите: – кога ќе мине месечието, за да продаваме жито, и сабота, за да ги отвориме житниците, да ја намалиме мерката, да ја зголемиме цената на сиклата и да измамуваме со лажни мерки, да купуваме сиромаси со сребро и бедни за два чевела, и да продаваме отсевки? Се заколна Господ во славата на Јакова: навистина нема никогаш да заборавам ниту едно од делата негови! Нема ли да се затресе земјата од тоа и нема ли да заплаче секој жител на неа? Таа целата ќе се разбранува како река и ќе се подига и ќе се спушта како реката египетска. И во оној ден, вели Господ Бог, ќе направам сонцето да зајде попладне и ќе ја помрачам земјата среде бел ден, ќе ги претворам празниците ваши во тага и сите ваши песни – во плач; ќе ставам вреќишта на сите бедра и ќелавост – на секоја глава, и ќе создадам во земјата плач како за син единец, и крајот ќе ѝ биде како тажен ден. Ете, настапуваат дните, вели Господ Бог, кога ќе испратам на земјата глад, не глад за леб, не жед за вода, туку жед за слушање зборови Господови. И ќе одат од море до море, ќе скитаат од север до исток, барајќи го словото Господово, и нема да го најдат. Во оној ден ќе премираат од жед убавите девојки и момчиња. Они што се колнат во гревот Самариски и велат: жив е твојот бог, Дане, така да ни е жив и патот за Вирсавија! Тие ќе паднат и веќе нема да се кренат. Го видов Господа како стои на жртвеникот и вели: удри во горниот праг на вратата за да се растресат спојките и расцепи ги врз главите на сите нив, а другите од нив ќе ги убијам Јас со меч: никој од нив, кој бега, нема да избега, и никој од нив, кој сака да се спаси, нема да се спаси. И да се закопаат во најдолниот дел на земјата, и оттаму раката Моја ќе ги извлече; и да се качат на небото, и оттаму ќе ги сметнам. Макар да се скријат и на врв Кармил, и таму ќе ги најдам и ќе ги земам; па и да се сокријат и од очите Мои во морското дно, и таму ќе му заповедам на змајот морски да ги голтне. И во плен, ако појдат пред непријателите свои, ќе му заповедам на мечот таму да ги убие. Ќе ги свртам врз нив очите Свои за нивно зло, а не за добро. Зашто Господ Бог Саваот ќе се допре до земјата, и таа ќе се растопи, и ќе се расплачат сите живи на неа; ќе се крене таа цела како река и ќе се спушти како реката египетска. Он ги изгради своите горни дворци на небесата и сводот Свој го зацврсти на земјата; ги повика морските води и ги изли по земјата; Господ е името Негово. Вие, синови Израилеви, не сте ли за мене како синови етиопски, вели Господ, нели Јас го изведов Израилот од земјата Египетска и Филистејците – од Кафтор и Арамејците од Кир? Ете, очите на Господа Бога се врз грешното царство, и Јас ќе го истребам од лицето на земјата, но домот на Јакова нема целосно да го истребам, вели Господ. Зашто, еве, Јас ќе заповедам и ќе го распраснам домот Изралев по сите народи, како што се растураат зрната во решето, и ниедно не паѓа на земја. Од меч ќе умрат сите грешници меѓу народот Мој, кои велат: »нема да нѐ постигне и нема да дојде при нас тоа зло!« Во оној ден ќе ја подигнам паднатата скинија Давидова, ќе ги пополнам пукнатините нејзини, срушеното ќе го подигнам и ќе ја средам, како во поранешните дни. за да ги завладее остатокот од Едома и сите народи, меѓу кои ќе се спомнува името Мое, вели Господ, Кој го врши сето тоа. Ете, ќе настапат дни, вели Господ, кога орачот ќе го затече жетварот и оној што гази грозје – сејачот; и горите ќе пуштаат гроздов сок, и од сите ридови ќе потече. Ќе ги повратам заробените на Мојот народ Израилот; и пак ќе ги изградам запустените градови и ќе се населат во нив; ќе насадат лозја и ќе пијат вино од нив, и ќе направат градини и ќе јадат плодови од нив. И ќе ги населам во земјата нивна и тие нема повеќе да бидат истргани од својата земја, која им ја дадов Јас, вели Господ, твојот Бог. Вака му вели Господ на Едом: »Чув глас од Господа, известие е испратено меѓу народите: ‚Станете, да се кренеме во борба против овој народ!‘« Еве, те направив најмал меѓу народите, многу си презрен. Гордоста на твоето срце те измами, тебе, кој живееш меѓу камењата во пештери, во својот висок дом, и му велиш на своето срце: »Кој е тој што ќе ме собори на земја?« И да се кренеш високо како орел, да направиш гнездо, и оттаму ќе те сметнам; говори Господ. Крадци кога би дошле кај тебе, или ноќни разбојници, зар не би украле онолку колку што им треба? Берачи на грозје ако би те нападнале, зар не би оставиле нешто за доберување? Како беше пребран Исав, и како му ги зедоа сите негови сокриени работи! Сосема те опустошија; сите твои сојузници станаа против тебе, те измамија и они што јадат со тебе, стапица ќе ти стават, што не ќе ја забележиш. Во оној ден, вели Господ, ќе ги погубам мудрите во земјата Едомска и разумните во гората Исавова. И јунаците твои ќе се уплашат, Темане, за да се истребат сите од гората Исавова. Поради насилството и заради убиството, што му го направи на братот твој Јакова, со срам ќе бидеш покриен и ќе бидеш отфрлен засекогаш. Во оној ден кога ти беше од спротивната страна; во оној ден кога други ја водеа во ропство војската негова, и кога туѓинци влегуваа низ вратата негова и фрлаа жреб за Ерусалим, беше и ти како еден од нив. Не презирај го братот твој во денот, кога е во неволја од туѓинци, кога го водат во туѓа земја, ниту да се радуваш на синовите Јудини, кога тие пропаѓаат, а уште помалку да ја отвораш устата своја во денот на нивните страдања. Не влегувај низ вратата на Мојот народ во денот на неговата неволја, не насладувај се на нивното зло во денот на нивната погибел, и не земај од имотот нивни во денот на нивната пропаст. И не стој на нивните крстопати, за да ги убиваш оние што бегаат, нити да ги предаваш оние, што преживеале во денот на нивната неволја. Зашто денот Господен за сите народи е блузу: како си правел, така ќе ти се прави; отплатата ќе падне на твојата глава. Оти, како што пиевте на Мојата света гора вие, така ќе пијат вино сите народи, ќе се препиваат и ќе слегнат, и ќе бидат како никогаш да не биле. Но на гората Сион ќе биде спасението и ќе биде света, и домот на Јакова ќе го добие своето наследство. Домот на Јакова ќе биде оган, а домот на Јосифа пламен, додека домот на Исава стрниште; ќе разгорат на нив, и ќе ги запалат; и нема никој од домот Исавов да остане жив, зашто Господ така вели. Другородци ќе ја наследат гората Исавова, и рамнината Филистејска; ќе го наследат и полето Ефремово и полето Самариско, а Венијаминовото ќе го наследи Галад. Заробената, пак, војска на синовите Израилеви ќе го наследи Ханан до Сарепта, а робовите од Ерусалим ќе ги наследат јужните градови во Сефард. И победниците ќе се качат на гората Сион за да ѝ судат на гората Исавова, и тогаш ќе биде царството Господово. И би словото Господово до Јона, синот Аматиев: »Стани и оди во Ниневија, град голем, и проповедај во него, зашто неговите лоши дела стигнаа до Мене.« А Јона стана за да избега во Тарсис од лицето Господово; слезе во Јопа, каде што најде кораб што плови за Тарсис, па откако ја плати возарината, влезе во него за да избега со него во Тарсис од лицето Господово. Но Господ подигна силен ветар на морето, и настана голема бура, така што коработ за малку ќе се разбиеше. Морнарите се уплашија и повикаа секој кон својот бог, па почнаа товарот од коработ да го фрлаат во морето, за да му се олесни; а Јона беше слегол во дното на коработ, легнал и длабоко заспал. Тогаш дојде при него капетанот на коработ и му рече: »Што, ти спиеш! Стани и повикај кај твојот Бог. Можеби Бог ќе се сети на нас, и ние нема да загинеме.« Па си рекоа еден на друг: »Да фрлиме жреб и да видиме поради кого нѐ снајде оваа беда.« Фрлија жреб и жребот падна на Јона. Тогаш му рекоа: »Кажи ни заради што нѐ снајде оваа неволја? Со што се занимаваш, и од каде идеш? Каде е твојата земја и од кој народ си?« Тој им рече: »Јас сум Евреин, Го почитувам Господа Бога на небесата, Оној што ја создаде земјата и водата.« Тогаш луѓето се уплашија многу и му рекоа: »Зошто го направи ова?« Оти тие узнаа дека тој бега од лицето Господово, – како што тој сам им беше кажел. И му рекоа: »Што да направиме со тебе, та морето да стивне за нас?« Бидејќи морето се брануваше. Тогаш тој им рече: »Земете ме и фрлете ме в море, и морето за вас ќе стивне, оти знам дека поради мене се крена оваа бура.« Луѓето потоа се трудеа некако да се приближат до суво, но не можеа, бидејќи морето сѐ повеќе беснееше против нив. Тогаш повикаа кон Господа и рекоа: »Те молиме Господи, да не загинеме поради душата на овој човек, и да не бидеме одговорни за невина крв, зашто Ти, Господи, си направил како што ти е Тебе угодно.« Па го зедоа Јона и го фрлија во морето; и морето престана да се бранува. Тогаш луѓето се уплашија многу од Господа, Му принесоа на Господа жртви и се заветуваа. И му заповеда Господ на еден голем кит да го проголта Јона; и Јона остана во утробата на тој кит три дена и три ноќи. Му се помоли Јона на својот Господ Бог од утробата на китот, па рече: »Кон Господа повикав во мојата неволја Он ме чу; извикав од утробата на пеколот – и Ти го чу гласот мој. Ти ме фрли во длабините, во срцето на морето, и вода ме опколуваше, и сите води Твои и бранови Твои минеа преку мене. Тогаш реков: Отфрлен сум од очите Твои, но сепак, ќе ја видам светињата Твоја. Ме притиснаа водите до душата моја, бездната ме затвори; со трева морска главата моја е обвиена. Слегнав до основите на планините, земјата со резињата свои за навек ме затвори, но Ти, Господи, Боже мој, ќе ја изведеш душата моја од пеколот. Кога изнемогна душата моја, се сетив на Господа, и молитвата моја стигна до Тебе, до светиот храм Твој. Оние, кои почитуваат лажни богови, Го оставија својот Милосрден, но јас со похвален глас ќе Ти принесам жртва; она што сум го ветил, ќе го исполнам. Во Господа е спасението!« Тогаш му заповеда Господ на китот, и тој го исфрли Јона на суво. И повторно дојде словото Господово до Јона, велејќи му: »Стани и појди во градот Ниневија, големиот град и проповедај му го она што ќе ти кажам.« Стана Јона и отиде во Ниневија по заповед на Господа; а Ниневија беше многу голем град: три дена одење. И Јона почна да оди по градот, колку што можеше да се изоди за еден ден, и проповедаше, велејќи: »Уште четириесет дена и Ниневија ќе биде разурната!« И поверуваа ниневијците во Бога, прогласија пост и се облекоа во вреќи, мало и големо. Таа проповед дојде и до царот на Ниневија, и тој стана од престолот свој, ја соблече царската облека, се облече во вреќиште и седна во пепел, па заповеда да се прогласи и да се каже во Ниневија од името на царот и од неговите големци – ни луѓето, ни добитокот, ни воловите, ниту овците да не јадат ништо и да не одат на пасење и да не пијат; и луѓето и добитокот да бидат покриени со вреќишта и силно да извикуваат кон Бога: секој да се откаже од својот лош пат и од насилството на рацете свои. Кој знае – можеби Бог ќе се смилостиви и ќе го отфрли од нас својот разгорен гнев, и така да не загинеме. И ги виде Бог нивните дела, оти тие се одвратија од својот лош пат, па се сожали на злото, за кое беше рекол дека ќе го нафрли врз нив, и не го нафрли. Поради тоа Јона многу се огорчи и вознегодува. Па Му се помоли на Господа и рече: »О, Господи, зар не го велев тоа уште додека бев во земјата своја? Та затоа и побегнав во Тарсис, оти знаев дека Ти си Бог добар и милосрден, долготрпелив и многумилостив, па ќе се сожалиш за бедата. А сега, Господи, земи ја душата моја од мене, зашто подобро е да умрам отколку да живеам.« Господ, пак, му рече: »Зошто тоа толку многу те огорчи?« Тогаш Јона излезе од градот, па седна од источната страна, и таму си направи сеница и се смести во неа под ладовина, за да види што ќе стане со градот. Господ Бог нареди сега да израсне растение над главата на Јона, за да има над главата сенка, и да го избави од огорчението негово. Јона многу му се зарадува на тоа растение. И нареди Господ, вториот ден, кога зората се зазори, црви да ја подгризат тиквата, и таа се исуши. А кога изгреа сонцето, испрати Бог врел источен ветар, и сонцето почна да ја вжештува главата на Јона, така што тој изнемоште толку што се помоли да умре, велејќи: »Подобро е да умрам отколу да живеам.« А Бог му рече тогаш на Јона: »Па зар е добро тоа што се лутиш заради растението?« А тој одговори: »Многу сум лут, лут сум дури до смрт!« Тогаш Господ рече: »Тебе ти е жал за едно растение, за кое ти не си се трудел, ниту си го одгледувал, и кое за една ноќ израсна и се исуши, а Мене да не Ми е жал за Ниневија, за овој голем град, во кој живеат повеќе од сто и дваесет илјади души, кои не можат да ја разликуваат десната рака од левата, а и за многу добиток?« Словото Господово, упатено до Михеја од Мораст, во деновите на Јоатама, Ахаза и Езекија, цареви јудејски, со кое му беше откриено за Самарија и за Ерусалим. Чујте, сите народи, внимавај, земјо, и сѐ што те исполнува! Сведок нека е против вас Господ Бог, Господ од Својот свет храм! Зашто Господ, ете, излегува од Своето место, ќе слезе и ќе стапи на земните височини, и планините ќе се расклатат под Него, долините ќе се растопат како восок од оган, како водата што се пролива низ стрмнини. И сето тоа ќе стане поради нечесноста на Јакова, поради гревот на Израилевиот дом. Од кого е злодејанието на Јакова? Нели е тоа од Самарија? Од кого се идолските светилишта во Јудеја? Нели се тоа од Ерусалим? Затоа од Самарија ќе направам купишта урнатини во полето, место за садење лози; ќе ги сринам камењата нејзини во долина и ќе ѝ ги разголам основите. И сите нејзини резани ликови ќе се строшат и сите нивни дарови од блуд – со оган ќе бидат изгорени: сите идоли ќе ги разурнам; со дарови од блуд ги правела, и пак ќе бидат дарови од блуд превртени. Поради тоа ќе заплачам и ќе заридам, ќе појдам бос и оголен, ќе вијам како шакал, ќе плачам како змија; зашто тежок е нејзиниот пораз; тоа дојде до Јудеја, а стигна дури и до портите на Мојот народ – сѐ до Ерусалим. Не разгласувајте го ова во Гет, не плачете таму гласно, а во селото Офра посипете се со пепел. Иселете се, жители сафирски, срамно разголени; нема да се спаси ни жителката санска, плачот во селото Езил нема да ви дозволи да се задржите ни таму. Тагува за своето добро жителката маротска, зашто злото од Господа слезе до портите ерусалимски. Впрегни брзи коњи во колата, жителко лахиска, ти си почеток на гревот од ќерката Сионска, оти во тебе се појавија престапите на Израилот. Затоа ти ќе праќаш дарови во Моресет Гет; но населбите ахзивски ќе бидат измама за царевите израилски. Ќе доведам и наследник при тебе, жителко мориска; и тој ќе дојде дури до Одолам, славата на Израилот. Фрли ја косата своја, истрижи се – од жал за своите сакани синови; разголи ја ќелавоста своја за нив како орел што ја разголува својата, зашто тие ќе бидат одведени од тебе во ропство. Тешко им на оние што кројат беззаконија и на леглата свои измислуваат зли дела, и ги извршуваат штом ќе се зазори, зашто не ги издигнаа кон Господа рацете свои. Ќе пожелат ниви – ги заземаат насила, куќи – ги отимаат; и човекот го обираат, и куќата негова, мажот и наследството негово. Затоа вака вели Господ: »Еве Јас замислувам зло против тој род да пратам, кое не можете да го отфрлите од вратот свој, па затоа и нема да одите исправени; оти тоа време ќе биде лошо. Во она време ќе се зборува за вас, ќе плачат многу и ќе мислат: наполно сме разорени; делот од мојот народ е даден на друг; како да ми се врати? Нивните наши се веќе раздадени на другородци.« Затоа не ќе имам никого што ќе фрли жреб во собранието пред Господа. Не пророкувајте пророци; не пророкувајте им за да не ве постигне зло. О, ти, што се нарекуваш Јаковов дом! Зар се смали Духот Господов! Зборовите Мои зар не се благотворни за оној, кој постаува справедливо? Но народот, кој порано беше Мој, сега стана непријател, и вие им ја грабите не само горната туку и долната облека на мирните луѓе, што се враќаат од војна. Жените на Мојот народ ги истерувате од нивните пријатни домови; а од децата нивни ја одземате славата Моја. Станете и одете си, оти тој крај не е земја за почивка; поради нечистотија таа ќе биде разорена – и тоа со голема погибел. Ако некој ветропир измислува лага и вели: »ќе ти проповедам за вино и за сикер«, тој би бил добар за пророк на овој народ. Навистина ќе те соберам сиот, Јакове, навистина ќе ги соберам остатоците Израилеви; ќе ги соберам во едно како овците во Восор, како стадо овци во кошара; ќе зазборуваат шумно поради многубројноста. Пред нив ќе тргне уривач на ѕидови; тие ќе ги разбијат преградите, ќе влезат низ портите и ќе излезат низ нив, и царот нивни ќе тргне пред нив, и Господ – ќе биде на чело. Затоа реков – чујте, поглавари Јаковови и кнезови на домот Израилев: зар вие не знаете што е право? А вие го мразите доброто и го сакате злото, ја дерете од нив кожата, и месото од коските нивни; јадете од телото на Мојот народ и ја дерете кожата нивна, а коските нивни ги стругнувате и ги кршите како за во сад, и месото нивно го дробите како за во котел. И тие ќе викаат кон Господа, но Он нема да ги чуе и ќе го сокрие лицето Свое од нив во времето, додека тие вршат злодејанија. Така вели Господ против пророците, кои го воведуваат во заблуда Мојот народ, кои гризат со заби – а проповедаат мир; а ако никој не им стави во уста ништо, против него објавуваат војна. Затоа, место видени, вие ќе гледате ноќ, место пророштво – темнина; и сонцето ќе зајде над тие пророци и денот ќе им потемнее над нив. Ќе се засрамат јасновидците, ќе бидат посрамени гледачите, и сите ќе ја затворат устата своја, зашто нема да добијат одговор од Бога. Но јас сум исполнет со силата на Духот Господен, со правда и цврстина, за да му ги кажам на Јакова престапите и на Израилот – гревот негов. Чујте ме сега, поглавари на домот Јаковов, и кнезови на домот Израилев, вие, кои се гнасите од правдата и што искривувате сѐ што е право. Вие, кои го градите Сион со крв и Ерусалим со неправда. Поглаварите негови судат за подароци, свештениците учат за награди, а пророците пророкуваат за пари, и сепак се надеваат на Господа, велејќи: »Нели е Господ меѓу нас; затоа зло нема да нѐ постигне.« Затоа поради вас Сион ќе биде разорен како нива, а Ерусалим ќе стане купиште од урнатини, и планината на тој Дом ќе зарасне во шума. И, ете, затоа во последните дни планината на Господовиот Дом, ќе биде поставена на чело над сите планини, и ќе се издигне над ридовите, и ќе поитаат кон неа народите. И ќе тргнат многу народи, и ќе речат: »Дојдете да се искачиме на гората Господова и да влеземе во домот на Јакова – и Он ќе нѐ научи на Своите свети патишта, и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе Законот, и од Ерусалим – словото Господово. Он ќе им суди на многу народи и ќе изобличи многу племиња во далечни краишта; па ќе ги прековаат мечевите свои во плугови и копјата свои – во српови; и народ против народ нема да крене веќе меч, и нема веќе да се учат да војуваат; секој ќе седи под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да се плаши, зашто устата на Господа Саваот го изрекла тоа. Зашто сите народи одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Господа, нашиот Бог, секогаш и довека.« Во оној ден, вели Господ, ќе соберам сѐ што е хромо, и ќе соединам што е разгонето, и оние, врз кои сум допуштил беда. И ќе направам од остатокот на хромите и прснатите по светот силен народ, и Господ ќе царува над нив на гората Сион од сега па довека. А ти, куло на стадото, риду на Сионовата ќерка, при тебе ќе дојде и ќе се врати поранешното владение, царството – при ќерките ерусалимски. А зошто ти сега така гласно плачеш? Зар немаш цар или ти недостига советник, па те обзеле маки како кај родилка? Страдај и мачи се од болки, ќерко Сионова, како родилка, зашто сега ќе излезеш од градот, ќе живееш во полето и ќе стигнеш во Вавилон. Таму ќе бидеш избавена, таму ќе те откупи Господ од рацете на непријателите твои. А сега се собрани многу народи против тебе и велат: »Нека биде осквернета и очите наши да се нагледаат на Сион!« Но тие не ги знаат замислите на Господа и не ги разбираат намерите Негови – дека Он ги собрал како снопје на гумно. Стани и удирај, ќерко Сионова, оти Јас ќе го направам рогот твој железен и копитата твои бакарни; ќе прегазиш многу народи, и нивните трудови и богатства ќе ги посветиш на Господа – Владетелот над целата земја. Утврди се сега тврдино. И пак сме опседнати, со прат ќе го бијат по образите судијата на Израилот. И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израилот и чие потекло е од почетокот, од вечноста. Затоа Он ќе ги остави до времето додека роди онаа, кој треба да роди; тогаш при синовите Изаилеви ќе се вратат и нивните други браќа. Ќе застане Он и ќе ги пасе со силата на Господа, со величието на името Господово, својот Бог – и тие ќе живеат во мир, зашто тогаш Он ќе биде велик до краиштата на земјата. И Он ќе биде мирот. Кога ќе дојде Асур во нашата земја и ќе стапи во нашето владение, тогаш ние против него ќе поставиме седум пастири и осум народни кнезови. Тогаш тие ќе ја испасат земјата Асур со меч, а земјата на Немрода покрај портите, и Он ќе нѐ избави од Асура, кога ќе дојде во нашата земја и ќе влезе во пределите наши. А остатокот од Јакова меѓу многуте народи ќе биде како роса од Господа, како ситен дожд по трева. Он нема да зависи од човек и нема да се потпира на синовите Адамови. И остатокот на Јакова ќе биде меѓу народите, меѓу многу племиња, како лав меѓу горски ѕверови, како лавче меѓу овчо стадо; и кога ќе се појави, ќе гази и ќе растргнува и никој не ќе може да се спаси од него. Тогаш ќе се крене раката Твоја над непријателите Твои и тие ќе бидат истребени. И во оној ден, вели Господ, ќе ги истребам коњите твои пред тебе и ќе ги уништам колите твои; и ќе ги сотрам градовите во твојата земја и ќе ги растурам сите тврдини твои; ќе ги истргнам магиите од рацете твои, и при тебе не ќе има веќе вражачи; ќе ги уништам идолите и резаните ликови меѓу тебе – и нема веќе да се клањаш на творби од рацете твои; и ќе го искоренам од твојата средина идолските светилишта и ќе ги разорам градовите твои. Во гнев и со негодување ќе се одмаздам над народите што ќе бидат непослушни. Слушајте што вели Господ: »Стани и суди се со горите и со ридовите да го чујат гласот твој!« Чујте го, гори, судот Господов, и вие, цврсти основи на земјата, зашто Господ му суди на Својот народ, се бори со Израилот. Народе Мој, што ти направив и со што ти дотегнав? Одговори Ми. Јас те изведов од Египетската земја, те ослободив од домот на ропството и ги водев пред тебе Мојсеја, Арона и Маријам. Народе Мој, сети се што кроеше Валак, царот моавски, и што му одговори Валаам, синот Веров и што стана од Ситим до Галгал – за да ги познаеш праведните дела на Господа. »Со што да застанам пред Господа, да се поклонам пред небесниот Бог? Да застанам ли пред Него со сепаленици, со едногодишни телци? Но може ли да Му се угоди на Господа со илјадници овни или незимерни потоци елеј? Дали да Му го дадам мојот провороден син за престапите свои и плодот на утробата своја – за гревовите на душата своја?« О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да работиш правично, да сакаш милосрдни дела и смирено да врвиш пред твојот Бог. Гласот Господов вика кон градот и мудроста се претпочита пред Твоето име; слушајте го жезалот и Оној, Кој те поставил. Па зар не се наоѓаат во домот на безножникот богатство несправедливо и мерка смалена, одвратна? Можам ли да бидам чист со мерките на беззакониците и со мерките во мојата торба? богаташите негови се полни со неправда, и жителите негови говорат неправда, а и јазикот нивни измама е во устата нивна. Затоа ќе почнам да те поразувам со запустување поради гревовите твои. Ќе јадеш – и нема да се наситуваш; празнина ќе има внатре во тебе; ќе пазиш, но нема да забележуваш, а она што ќе зачуваш, тоа Јас ќе го предадам на меч. Ќе сееш, но нема да женееш; ќе гмечиш маслинки, но нема да се намажеш со елеј; ќе цедиш гроздов сок, но нема да пиеш вино. При вас се запазиле обичаите на Замврија и сите дела на домот Ахавов, и вие постапувате според нивните совети. Затоа ќе те предадам на запустување и жителите твои на потсмев, а вие ќе претрпите поруга од Мојот народ. Тешко мене, зашто со мене е сега како по собирање на летните плодови, како по гроздобер; ни зрнце за каснување, ниту зрел плод, што би посакала душата моја. Нема веќе милосрдни по земјата, нема праведни меѓу луѓето; сите кројат сплетки, за да проливаат крв; секој му става на брата си стапица. Рацете им се приготвени за да прават зло: началникот сака подароци, судијата суди за поткуп, а големците пројавуваат лоши похоти на душата своја и ја изопачуваат правдата. Најдобриот од нив им е како трн, а справедливиот им е полош отколку ограда од трње. Денот на Твоите предвесници, денот на Твојата посета наближува; и сега ќе ги опфати смут. Не верувајте му на другарот, не потпирајте се на пријателот; пред онаа, што лежи во твојата постела, не отворај ја широко устата своја. Зашто синот го напаѓа татка си, ќерката се противи на мајка си, снаата станува против свекрвата; непријатели на човекот му се неговите домашни. Јас, пак, гледам кон Господа, е за моето спасение ќе се надевам на Бога; мојот Бог ќе ме чуе. Не радувај се за мене, неријателко моја! Иако сум паднат, јас ќе станам; макар што сум сега во мрак; Господа е мојата светлина. Ќе го поднесувам гневот Господен, – зашто сум згрешил пред Него – додека не го реши делото мое и не ме осуди; тогаш Он ќе ме изведе на светлина, и јас ќе ја видам правдата Негова. И ќе го види тоа мојата непријателка и срам ќе ја покрие онаа што ми велеше: »каде е Господ, твојот Бог?« И ќе го видат тоа очите мои – и таа ќе биде згазена како кал на улица. Во она време, кога ќе се изѕидаат ѕидовите твои, во тоа време границите ќе се прошират надалеку. Во оној ден ќе пристигнат при тебе од Асирија до Египет, од Тир до Реката, и од море до море и од планина до планина. А таа земја ќе биде пустиња поради гревовите на жителите нејзини, и поради плодовите на делата нивни. Паси го со жезалот народот Твој, овците на наследството Свое, оние, што живеат обединети во гората среде Кармил, остави ги да пасат тие во Васан и Галад како во стародревните дни! Ќе му покажам чудесни дела како во времето кога ти излезе од Египетската земја. Ќе го видат тоа народите и ќе се засрамат при сета таа сила; ќе стават рака на устата своја, и ушите нивни ќе се заглушат. Ќе лижат прав како змии и како црвјата што излегуваат од земја, ќе излегуваат од своите гнезда; ќе се уплашат од Господа, од нашиот Бог, и ќе се уплашат од Тебе. Кој Бог е како Тебе, за да ги простува беззаконијата, да мине преку престапите на остатокот од Своето наследство? Он вечно не се гневи, зашто има обичај да се смилува. Он пак ќе се смили над нас и ќе ги избрише нашите беззаконија. Он ќе ги фрли сите наши гревови во морските длабочини. Ти ќе покажеш верност кон домот на Јакова, милост кон Авраама, како што со клетва си им ветил на татковците наши од првите дни. Пророштвото за Ниневија; книга за видението на Наума од Елкос. Господ е Бог ревнив и одмаздник; одмазник е Господ и страшен во Својот гнев: Господ им се одмаздува на непријателите Свои; не ги поштедува ни противниците Свои. Господ е долготрпелив и голема е силата Негова, така што не остава никого без казна; патот Господов е во виор и бура, а облаците се прав од под нозете Негови. Ќе му се закани ли на морето, и тоа пресушува, и сите реки пресушуваат: овенува Васан и Кармил, и свенува цветот на Ливан. Горите се тресат пред Него, и ридовите се топат, земјата потреперува пред лицето Негово, и вселената и сѐ што живее во неа. Кој може да устои против Него? И кој може да го издржи пламенот од гневот Негов? Гневот Негов се излива како оган; карпи се распаѓаат пред Него. Добар е Господ; Он е прибежиште во жалосен ден. Он ги познава оние, што се надеваат на Него. Но со силна поплава, што сѐ потопува, ќе ја уништи Ниневија до темели и мрак ќе ги обземе непријателите Негови. Што сте намислиле против Господа? Он ќе стави крај на сѐ, и неволите веќе нема да се повторат, зашто, иако сплетени како трње и како од вино пијани, тие ќе бидат наполно проголтани, како сува слама. Од тебе произлезе оној, што смисли зло против Господа, и кој подготви нечесен заговор. Вака вели Господ: »Макар што се безопасни и многубројни, тие ќе бидат исклани и ќе исчезнат; а тебе, иако те измачував, нема веќе да те измачувам. И сега ќе го скршам јаремот негов, кој лежи врз тебе, и ќе ги раскинам оковите твои.« А за тебе, Асире, Господ определи: нема да продолжи родот твој; од домот на твојот бог ќе ги истребам идолите резани и лиени; во него ќе ти направам гроб кога ќе бидеш презрен. Ете, по горите се стапките на благовесникот, кој најавува мир: празнувај ги, Јудејо, твоите празници, извршувај ги заветите свои, зашто преку тебе нема веќе да минува нечестивиот; тој е наполно уништен. Се крева против тебе уништувач: пази ги тврдините, чувај го патот, зацврсти ги бедрата, собирај сили. Зашто Господ ќе го востанови величието на Јакова, како величието на Израилот, оти пакосници ги запустија и лозјата им ги сотреа. Штитот на неговите јунаци е црвен: војниците негови носат црвени облеки; колите бојни ќе фрлаат оган во денот на борбата и гора од копја ќе се лулее. Колите ќе траскаат по улиците и ќе се судираат една со друга, ќе изгледаат како запалени факели, и ќе светкаат како молњи. Тој ќе ги повикува јунаците свои, но тие ќе бидат бавни во одот, ќе побрзаат кон ѕидовите на градот, но опсадата е веќе подготвена. Вратите од реките ќе се отворат и дворот ќе се урне. Решено е: таа ќе биде оголена и во плен одведена, а слугинките нејзини ќе стенкаат како гулаби, удирајќи се в гради. Ниневија, откако беше основана, беше како водобран полн со вода, а тие бегаат. »Стојте, стојте!« Но никој не се свртува да погледа. Грабајте сребро, грабајте злато; нема крај на натрупаните скапоцени работи. Ограбена, опустошена и разурната е таа – срцето се топи, колената треперат; сите чувствуваат болки во бедрата, а лицата им се потемнети. Каде е лавот што грабеше за да им носи на лавчињата и им даваше на лавиците, полнејќи ги со плен пештерите свои и леглата свои со грабеж? Каде е сега леглото на лавовите и пасиштата на лавчињата, каде што одеа лав, лавица и лавче, и никој не ги плашеше? Ете, Јас сум против тебе, вели Господ Саваот, и ќе ги претворам во дим твоите бојни коли, и меч ќе ги исече лавчињата твои, и ќе го истребам од земјата грабежот твој; повеќе нема да се чуе гласот на твоите пратеници. Тешко му на крвничкиот град! Тој е полн со измама и убиства; грабењето не престанува во него. Се слуша плускање на бичеви и трескот од тркала како и од потскокнување на бојни коли. Коњаниците потскокнуваат, болскаат мечеви и светкаат копја. Многу убиени и купишта трупови! На труповите им нема крај; и се сопнуваат од нив. Тоа сето е за многуте блудствувања на убавата на изглед развратница, вешта во магии, која со блудот свој продава народи, а со магиите – племиња. Ете, Јас сум против тебе, вели Господ Саваот, ќе ја кренам полата од твојата облека врз твоето лице и ќе им ја покажам на народите твојата голотија, и на царствата – срамотиите твои. Ќе нафрлам врз тебе нечистотии, ќе те направам презрена, и ќе те направам за приказ. И секој, штом ќе те види, ќе побегне од тебе и ќе рече: »Разурната е Ниневија! Кој ќе сака да ја пожали? Каде да најдам утешител за тебе?« Зар не си подобра од Но – Амона, кој лежи меѓу реки, опколен со вода, чиј окоп е морето, и тоа му служеше како ѕид. Етиопија и Египет со безбројно множество луѓе ти служеа како поткрепа; а тие ти идеа на помош со Коптите и Ливијците. Но и тој е раселен, отиде во ропство; дури и децата му се здробени – по сите градски крстосници; а за првенците му фрлија жреб, и сите големци се во вериги оковани. И ти така ќе се опиеш и ќе криеш; и ќе бараш заклон од непријателите свои. Сите твои градови се како смокви со зрели плодови: ако ги затресеш, ќе паднат право во устата на оној што сака да ги јаде. Ете, и народот твој во тебе се како жени: на непријателите твои ширум ќе им се отворат портите на земјата, и оган ќе ги проголта твоите резиња. Зафати си вода за опсадата; зацврсти ги тврдините; влези во кал, гази глина, направи ја печката за печење тули. Таму оган ќе те проголта, меч ќе те исече, ќе те изеде како гасеница, макар и да сте се намножиле како гасеници, па и да сте се намножиле како скакулци. Трговците при тебе се повеќе од ѕвездите на небото; но тие како скакулци ќе се распрскаат и ќе одлетаат. И кнезовите твои се како скакулци, а војводите – како рој мушички, кои во студено време се гнездат во пукнатини, а кога ќе изгрее сонцето се разлетуваат, и нема да го распознаеш местото каде биле. Спијат твоите пастири, царе асирски, почиваат твоите големци; твојот народ се распрснал по горите, и нема кој да ги прибере. Нема лек за твојата рана, лута е раната твоја. Сите, што ќе чујат за тебе, ќе ракоплескаат, зашто врз кого ли не си ја протегнал твојата постојана злоба. Пророчко видение што го имаше пророкот Авакум. До кога, Господи, ќе повикувам, а Ти не ме слушаш; викам кон Тебе поради насилството, а Ти не ме избавуваш? Зошто ми дозволуваш да гледам злодејанија, и да гледам неволи? Грабежот и насилството се пред мене; се појавува непријателство, настанува раздор. Поради тоа законот ја изгуби силата, нема веќе праведен суд: нечестивиот го победува праведниот, и затоа судот се искривува. Погледајте меѓу народите, видете – и многу ќе се зачудите и восхитите: зашто во ваше време Јас ќе извршам такво дело, за кое вие не би поверувале, ако би ви раскажувале. Оти Јас ќе ги кренам Халдејците, народ жесток и необуздан, кој оди по ширините земни за да завладее населби, кои нему не му припаѓаат. Тој е страшен и ужасен; тој самиот е и суд и власт. Коњите негови се побрзи и од леопарди и поустремни од вечерни волци; коњицата негова се движи по разни страни; јавачи му доаѓаат од далечина, налетуваат како орли, што се спуштаа врз пленот. Во групи тој оди по грабеж; го устремува лицето и тој заробува пленици како песок. И со цареви се подигрува, а кнезовите му служат за подбив; над секоја тврдина тој се смее: засипува опсаден окоп и ја преземе. Во таков случај духот му станува горд, оди и бујствува; силата негова му е бог. Но, зар не си Ти од векот Господ Бог мој, Светецот мој? Ние нема да умреме! Ти, Господи, само за суд си го допуштил тоа. Карпо моја. За казна си го определил ова. На чистите очи Твои не е својствено да гледаат злодејание и да гледаш угнетување Ти не можеш. Зошто гледаш злодејци и си безгласен, кога нечестивецот проголтува човек што е поправеден од него. и ги оставаш луѓето како риба в море и како лазачи, кои немаат господар? Сите тие со јадици ги лови, ги лови во мрежата своја, ги извлекува и ги собира на суво, па затоа се радува и весели. Затоа на мрежата своја ѝ принесува жртва и на торбата ѝ кади со темјан, оти од нив делот му е мрсен и храната му е вкусна. Па заради тоа ќе сака ли да ја испразни мрежата своја и постојано да ги убива народите безмилосно? Застанав на стража, и стоејќи на кулата, набљудував за да разберам, што ќе ми каже Он, и што да одговорам на укорот од Него. Ми одговори Господ и ми рече: Запиши го видението и одбележи го на плочи јасно, та оној, што ќе чита, да може да го прочита; зашто видението се однесува до определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, оти ќе наиде и нема да забави. Оној што иде, ќе дојде. И ете, гордата душа нема да се успокои, а праведникот преку варата ќе живее. Гордиот човек, како незовриено вино, нема да се успокојува; тој ја раширува душата своја како пеколот, и ненаситен е како смртта; ги собира при себе сите народи и ги ограбува сите племиња. Нема ли сите тие да го земат за приказ и да испеат иронична песна: »Тешко му на оној што без мерка се збогатува, и тоа не со свое, за долго ли? И натрупува залози.« Нема ли да станат наеднаш оние, што ќе те измачуваат, и нема ли против тебе да се кренат грабители и ти ќе им станеш за грабеж? Бидејќи си ограбил многу народи, и тебе ќе те ограбат сите други народи, зашто си пролеал човечка крв, зашто си ја разорил земјата, градот и сите што живеат во него. Тешко му на оној, што се лакоми кон неправедни печалби за домот свој, за да го изгради домот свој на високо и така да се запази од раката на злото. Си смислил тој срам за домот свој, откако истребил многу народи, и си згрешил против душата своја. Камењата од ѕидовите ќе повикаат и стегите дрвени ќе им одговорат: »Тешко му на оној кој ѕида град врз крв, и што гради тврдини врз неправда!« Ете, не е ли тоа од Господа Саваот што народите се трудат за оган и племињата се измачуваат напразно? Зашто земјата ќе се исполни со славата Господова онака како што водите го исполнуваат морето. Тешко му на оној што го пои ближниот свој со пијалок, измешан со злобата своја, за да ја види голотијата негова! Ти си презаситен со срам место со слава; пиј, пак, и ти и покажи ја голотијата своја и кон тебе ќе се сврти десницата Господова и срамот на славата твоја. Зашто твоето злодејание на Ливан ќе падне врз тебе, оти си истребувал уплашени животни, бидејќи си пролевал човечка крв, си ги опустошувал земјата, градот и сѐ што живее во него. Каква корист има од резан лик, направен од уметник, од тој излеан лажен учител, макар што вајар, правејќи неми идоли, ќе се надева на делото свое. Тешко му на оној, кој на дрво вели – »стани« – и на нем камен – »разбуди сѐ.« Ќе научи ли тој некого на нешто? Ете, тој е опкован со злато и сребро, но здив во него нема. Господ е во Својот свет храм: нека молчи целата земја пред лицето Негово! Молитвата на пророкот Авакум – за пеење. Господи, чув вест од Тебе и се уплашив. Господи, запази го делото Свое меѓу години, објави го во текот на годините, а во гневот Свој сети се на милост. Бог дојде од Теман и Светецот од гората Фаран. Величието Негово ги покри небесата, и славата Негова ја исполни земјата. Болскотот Му е како сончева светлина, а од рацете Негови зрачи, и тука е скривалиштето на Неговата сила. Пред лицето Негово врви поразија, а по стапките Негови ветар што гори. Он стана и земјата се затресе; погледа – и во трепет ги доведе народите; одамнешни планини се распаднаа, првобитните ридови се урнаа; но патиштата Негови се вечни. Натажени ги видов шаторите етиопски; се стресоа сениците на земјата Мадијамска. Зар против реките, Господи, пламнал гневот Твој? Зар против реките е Твоето негодување, или, пак, против морето е јароста Твоја – па си седнал на коњите Свои, на победничките бојни коли? Ти го извади лакот Свој според клетвениот завет, даден на колената, ја раздели земјата со реки. Кога те видов, планините затреперија, водите навалија; бездната го пушти гласот свој и угоре ги крена рацете свои. Сонцето и месечината застанаа на своето место пред болскотот на вперените стрели Твои, пред светкањето на сјајните копја Твои. Во гнев одиш по земјата и во негодување ги газиш народите. Ти излегуваш за спасение на народот Твој, за спасение на помазаникот Свој. Ти ја поразуваш главата на нечестивиот дом, оголувајќи го од петите до врвот. Со копјата нивни Ти ја пронизуваш главата на нивните водачи, кога како виор се спуштаат да ме разбијат, радосни, оти мислеа дека скришум ќе го проголтаа сиромавиот. Со коњите Свои отвори пат преку морето, преку длабините на големите води. Јас чув и внатрешноста моја затрепери, при гласот Твој затреперија и усните мои, болка почувствував во коските мои, и местото под мене трепери; а јас требаше да бидам спокоен во денот на бедата, кога ќе дојде грабителот против мојот народ. Макар и да не процути смоквата, а и да нема плод по лозите, макар маслината и да откаже, и нивата да не даде плод, макар и овците да не останат во трлото, па и рогат добиток во оборите да нема, јас и тогаш ќе се радувам во Господа и ќе се веселам во Бога на моето спасение. Господ Бог е мојата сила: Он ќе ги направи нозете мои како на елен и ќе ме поведе по височините мои. Словото Господово упатено до Софонија, синот на Хусија, син Годолиев, син Амориев, син Езекиин, во деновите на Јосија, син Амонов, цар јудејски. Сѐ ќе истребам од земјата – вели Господ; ќе ги истребам луѓето и добитокот, ќе ги истребам птиците небески и рибите морски и соблазните заедно со безбожниците; ќе ги истребам луѓето од лицето на земјата, вели Господ. И ќе ја протегнам раката Своја врз Јудеја и врз сите жители на Ерусалим; ќе ги истребам од тоа место остатоците на Ваала, името на жреците со свештениците, и оние, кои на покривите се поклонуваат на небесната војска, и од поклониците оние што се колнат во Господа и се колнат во својот цар, како и оние, што отстапија од Господа, не Го бараат Господа ниту прашуваат за Него. Замолкни пред лицето на Господа Бога, зашто близу е денот Господен. Веќе го приготви Господ жртвеното клање, определи и кого да повика. Во денот на жртвата Господова Јас ќе ги посетам кнезовите, синовите на царот и сите, што се облекуваат во облеки на другоплеменици; ќе ги посетам во оној ден сите, кои го прескокнуваат прагот, што го исполнуваат домот на својот Господ со насилство и измама. И во тој ден, вели Господ, ќе има вик при Рибните порти и ридање при другите порти, а и големо уривање на ридови. Плачете жители од долниот дел на градот, оти ќе исчезнат сите трговци; истребени ќе бидат сите што носат сребро. А во тоа време Јас ќе го разгледам Ерусалим со светило и ќе ги казнам оние, кои седат на своите стражарски места и велат во срцето свое: »Господ не прави ни добро ни лошо«; пак ќе станат богатствата нивни пљачка и куќите нивни ќе се запустат, и нема да живеат во нив; и ќе насадат лоза, но вино нема да пијат од неа. Близу е денот велик на Господа, близу е – и многу брза: веќе и се слуша гласот на денот Господен. Со горчина ќе завика тогаш дури и најхрабриот. Тој ден е ден на гневот, ден на жалост и на тескоба, ден за запустување и уривање, ден на темнина и на мрак, ден облачен и маглив, ден на труба и на боен повик против утврдените градови и високите кули. И Јас ќе ги притеснам луѓето, и тие ќе одат како слепи, оти згрешија против Господа, и растурена ќе биде крвта нивна како прав, и телата нивни како смет. Ни среброто нивно, ниту златото нивно не ќе може да ги спаси во денот на гневот Господен, а од огнот на ревноста Негова ќе биде уништена таа земја, и тоа ќе биде ненадеен крај на сите жители нејзини. Приберете се, приберете се внимателно, народи необуздани, додека уште не е дојден судот – денот ќе мине како трици, додека уште не е дојден врз вас пламнатиот гнев Господен, додека не настапил денот на јароста Господова. Побарајте го Господа, сите смирени на земјата, вие што ги извршувате законите Негови; побарајте ја правдата, побарајте го смирението; можеби ќе се сокриете во денот на гневот Господен. Оти Газа ќе биде напуштена и Аскалон ќе запусти, Азот ќе биде изгонет среде ден, а Екрон ќе се искорени. Тешко им на жителите од приморскиот крај, на народот од Крит! Словото Господово е врз вас, Хананејци, земјо Филистејска! Јас ќе те истребам, и во тебе нема да има жители, – па ќе стане приморскиот крај овчарска кошара и ограда за добиток. И тој крај ќе му се падне на остатокот од домот Јудин, и ќе пасат таму и во куќите на Аскалон вечерта ќе ја поминуваат, зашто Господ, нивниот Бог, ќе ги посети и ќе им го поврати пленот одземен од нив. Го чув хулењето од Моава и навредите од синовите Амонови, како се подигруваат со Мојот народ и како се шират во пределите негови, Но жив сум Јас, вели Господ Саваот, Бог Израилев: Моав ќе биде како Содом, и синовите на Амона ќе бидат како Гомор, земја на коприви, соларник, пустиња за навек; остатокот од Мојот народ ќе ги плени, и оние што ќе останат од Мојот народ, ќе ги наследи. Тоа ќе им биде за гордоста нивна, оти се подигруваа и се ширеа над народот на Господа Саваот. Страшен ќе биде за нив Господ: Он ќе ги истреби сите земни богови, и Нему ќе Му се поклонат – сите од своите места, сите острови на народите. И вие, Етиопјани, ќе бидете поразени од Мојот меч. Господ ќе ја протегне раката своја на север, ќе го уништи Асур, а Ниневија ќе ја претвори во урнатина, во место суво како пустиња, и стада ќе лежат по неа и секаков вид животни: пеликан и еж ќе ноќеваат во резбите и украсите; гласот нивни ќе се разнесува низ прозорците, уривањето ќе се покаже на столбовите од вратите, зашто на нив нема да има облоги од кедар. Ете, што ќе стане прочуениот град, кој живееше безгрижно и во срцето свое си вели: »Јас сум и нема друг освен мене.« Како ќе стане урнатина, легло за ѕверови! И секој што ќе помине покрај него, ќе потсвирне и ќе мавне со раката. Тешко на непокорен, осквернет и насилнички град! Не слуша глас, не прифаќа поука, не се надева на Господа, не се приближува до Својот Бог. Кнезовите негови се како лавови што рикаат, судиите негови – вечерни волци, кои до утрината не оставаат ниту една коска. Пророците негови се луѓе лесномислени, неверни; свештениците негови ја осквернуваат светињата, ги газат законите. Господ е праведен среде него, не врши неправда, секое утро го произнесува Својот суд на видело, но беззаконикот не знае за срам. Јас ги истребив народите – разрушени им се тврдините; ги опустив улиците нивни, така што никој не оди по нив; разорени се градовите нивни: нема ниту еден човек, нема жител. Јас реков: »Бој се само од Мене, прими поука!« и нема да го постигне зло живеалиштето негово, какво што му бев определил; а тие грижливо се трудеа да ги расипат сите свои дела. И така, чекајте Ме, вели Господ, до оној ден, кога ќе се кренам на опустошување; зашто Јас одлучив да ги соберам народите, да ги свикам царствата, за да го излијам врз нив Моето негодување, сета јарост на Мојот гнев; зашто од огнот на јароста Моја ќе биде уништена целата земја. Тогаш Јас пак ќе им дадам на чистите народи уста да го призовуваат името на Господа и да Му служат еднодушно. Од краиштата отаде реката на Етиопија поклониците Мои – Моите растурени деца – ќе Ми принесат дарови. Во тој ден ти нема да се срамуваш за твоите неразумни постапки, со кои грешеше против Мене, оти тогаш Јас ќе ги отстранам од твојата средина оние, кои залудо се фалеа со твојата слава, и нема повеќе да се гордеат на Мојата света гора. Но ќе оставам среде тебе народ смирен и прост, и тие ќе се надеваат на името Господово. Остатоците од Израилот нема да вршат неправда, нема да зборуваат лага, и во устата нивна нема да се најде јазик сплеткарски, зашто сами ќе си пасат и ќе лежат, и никој нема да ги вознемирува. Радувај се, ќерко Сионова, ликувај, Израиле, весели се и радувај се од сѐ срце, ќерко ерусалимска: Господ ја одмени пресудата над тебе, го изгони непријателот твој. Господ, Царот Израилев, е посреде тебе: нема повеќе да видиш зло. Во оној ден ќе му речат на Ерусалим: »не бој се« и на Сион »да не заслабнат рацете твои.« Господ, твојот Бог, е посреде тебе. Он е силен да те спаси; ќе се развесели за тебе со радост, ќе биде милостив според љубовта Своја, ќе се гордее за тебе со песни. Оние што тагуваат за празнични торжества, Јас ќе ги соберам; а тие се твои, врз нив лежи тежок укор. Ете, Јас ќе ги притеснам сите твои мачители во она време, ќе го спасам она што е хромо, ќе ги соберам расеаните и ќе им дадам чест и слава по целата земја, каде што биле под срам. Во она време ќе ве доведам, во она време ќе ве соберам вас, зашто ќе ве направам прочуени и почитувани меѓу сите народи на земјата, кога ќе го вратам вашиот плен пред очите ваши, вели Господ. Во втората година на царот Дарија, во шестиот месец, на првиот ден во месецот, би слово Господово преку пророкот Агеј до Зоровавела, синот на Салатиила, управител на Јудеја, и до Исуса, синот Јоседеков, првосвештеникот. Вака вели Господ Саваот: »Овој народ говори: Уште не е дојдено времето, не е време сега да се гради дом Господен.« И би слово Господово преку пророкот Агеј, велејќи: »А за вас време ли е да живеете во своите украсени домови, кога е Светилиштето запустено?« Затоа сега вака вели Господ Саваот: »Свртете го срцето ваше врз вашите патишта. Вие сеете многу а собирате малку; јадете, а не се заситувате; пиете, а не се напивате; се облекувате, но не се стоплувате; оној што печали пари, ги става во дупнато ќесе.« Така вели Господ Саваот: »Свртете го срцето ваше кон патиштата свои. Качете се на планината, донесете дрва и градете го храмот, и тоа ќе Ми биде угодно, па ќе се прославувам, вели Господ. Мислите многу, а излегува малку, и што ќе внесете дома, тоа Јас го раздувувам. Зошто? – вели Господ Саваот: Затоа што е домот Мој запустен, а вие пак трчате кон домот свој. Па поради тоа небото се затвори и не ви дава роса и земјата не ви дава плодови. Затоа повикав суша врз земјата, врз горите, врз житото, врз гроздовите, врз елејот и врз сѐ што се раѓа од земјата, и врз човекот и врз добитокот, и врз секој ваш рачен труд.« И Зоровавел, Салатииловиот син, и Исус, синот на Јоседека, и сиот друг народ го послуша гласот на Господа, својот Бог, а и зборовите на пророкот Агеј, како гласник на нивниот Господ Бог, и народот се подуплаши од Господа. Тогаш Агеј, гласникот Господов, испратен од Господа, му рече на народот: »Јас сум со вас« – вели Господ. И Господ го подигна духот на Зоровавела, синот Салатиилов, управителот на Јудеја, духот на Исуса, синот Јоседеков, првосвештеникот, и духот на сиот друг народ – и тие дојдоа и почнаа да го градат домот на Господа Саваот, својот Бог; а тоа стана во дваесет и четвртиот ден од шестиот месец, во втората година на царот Дариј. Во седмиот месец, на дваесет и првиот ден од месецот, би слово Господово преку пророкот Агеј: »Кажи им сега на Зоровавела, синот Салатиилов, управителот на Јудеја, и на Исуса, Јоседековиот син, првосвештеникот, и на другиот народ: Кој од вас останал што го видел овој храм во неговата поранешна слава, а како вие сега го гледате овој? Не е ли овој како ништо во вашите очи? Но охрабри се сега, Зоровавеле, – вели Господ – ободри се, Исусе, сине Јоседеков, првосвештенику, охрабрете се сите народи овде – вели Господ – и работете, зашто Јас сум со вас«, вели Господ Саваот. »Мојот завет, што го склучив со вас, кога излеговте од Египет, и Мојот Дух ќе биде меѓу вас: не плашете се!« Оти вака вели Господ Саваот – »уште еднаш – и ете, скоро ќе се случи тоа – ќе ги затресам небото и земјата, морето и сувото; Ќе ги стресам сите народи – и ќе дојде Оној, Кого Го бараат сите народи и ќе се исполни овој Дом со слава«, вели Господ Саваот. »Среброто е Мое и златото е Мое« – вели Господ Саваот. »Славата на овој последен храм ќе биде поголема отколку на поранешниот – вели Господ Саваот; и на ова место ќе му дадам мир«, вели Господ Саваот. На дваесет и четвртиот ден од деветтиот месец, во втората година на Дарија, би слово Господово преку пророкот Агеј: »Вака вели Господ Саваот – прашај ги свештениците за Законот и кажи – ако некој би носел осветено месо во полата од облеката своја, и со полата би се допрел до леб, или до нешто варено или до вино, или до елеј, или до што годе друго јадење, дали би се осветило тоа?« Одговорија свештениците и рекоа: »не.« Потоа пак рече Агеј: »Ако некој нечист од мртовец би се допрел до тоа, дали би станало тоа нечисто?« Одговорија свештениците и рекоа – »ќе стане нечисто.« Тогаш рече Агеј – таков е и овој народ, такво е и ова племе пред Мене, вели Господ, и такви се сите дела на рацете негови! Па што и да принесувате, сѐ ќе биде нечисто. А сега свртете го срцето на времето од овој ден наназад, кога уште не беше положен камен на камен во овој храм Господен. Порано, доаѓале до крстина, што дава до дваесет мери и, ќе се добиеле само десет; и до каца од педесет мери, а таа давала само дваесет мери. Ве поразував со гламја и со млечка по житата и со град во сите работи на рацете ваши, но вие не се обрнавте кон Мене, вели Господ. Свртете ги срцата ваши на времето од денес и наназад, од дваесет и четвртиот ден во овој деветти месец, од денот кога беше основан храмот Господен; обрнете ги срцата ваши: Има ли уште во житниците семе? Досега ни лозата, ни смоквата, ни нарот, ни маслината не даваа плод; а од денес Јас ги благословувам. И би слово Господово до пророкот Агеј по вторпат на дваесет и четвртиот ден од месецот, и беше речено: »Кажи му на Зоровавела, управителот на Јудеја: ќе го затресам небото и земјата; ќе урнам престоли на царства незнабожечки, ќе превртам бојни коли и оние што ќе седнат во нив, и кутнати ќе бидат и коњите и коњаниците нивни ќе паднат, еден од мечот на другиот. Во тој ден, вели Господ Саваот, ќе те земам, Зоровавеле, сине Салтаилов, слуго Мој, вели Господ, и ќе те држам како печат, бидејќи те избрав.« На осмиот ден, во втората година на Дарија, би слово Господово до пророкот Захарија, синот Варахиев, син Адов, велејќи: »Се разгневи Господ на татковците ваши со голем гнев; затоа кажи им – вака вели Господ Саваот – обрнете се кон Мене, – вели Господ Саваот – и јас ќе се обрнам кон вас. Не бидете како што беа татковците ваши, кон кои викаа поранешните пророци, велејќи им – ‚вака вели Господ Саваот – одвратете се од лошите работи свои!‘ Но тие не послушаа, ниту внимаваа на Мене, вели Господ. Каде се татковците ваши, па и пророците можат ли да живеат вечно? Но зборовите Мои и наредбите Мои, што им ги заповедав на слугите Мои, пророците, зар не ги постигнаа татковците ваши? И тие се обраќаа и велеа: како што беше определил Господ Саваот да постапи со нас според патиштата наши, и според делата наши, така и постапи.« На дваесет и четвртиот ден од единаесеттиот месец – а тоа е месецот Шеват – во втората година на Дарија, би слово Господово до пророкот Захариј, синот Варахиев, син Адов: Во текот на ноќата видов – ете, еден маж на црвен коњ стои меѓу мирти, што беа во долот, а зад него црвени, сиви и бели коњи, па му реков – кои се овие, господине мој? А ангелот, кој зборуваше со мене, ми рече: »јас ќе ти покажам кои се тие.« И одговори мажот што стоеше меѓу миртите, и рече – »тоа се оние кои Господ ги испратил да ја обиколуваат земјата.« Тогаш тие му одговорија на ангелот Господен, кој стоеше меѓу миртите, па му рекоа – »ете, ја обиколивме целата населена земја и таа е спокојна.« Им одговори ангелот Господен и им рече: »Господи Седржителу, до кога нема да се смилуваш над Ерусалим и над градовите Јудини, на кои се гневиш, еве, веќе седумдесет години?« Тогаш во одговори на ангелот Господен, изрече Господ слова добри, слова утешни. И им рече ангелот, кој зборуваше со мене: – извести и кажи – вака вели Господ Саваот – »ревнувам за Ерусалим и за Сион многу; и негодувам со големо негодување против народите што живеат во спокој, оти Јас малку се разгневив, тие го засилија злото.« Затоа вака вели Господ: »Јас се обрнувам кон Ерусалим со милосрдност; во него ќе се изгради Мојот дом, вели Господ Саваот, и земномерно јаже ќе се протегне низ Ерусалим.« Извести го уште и за ова, и кажи – вака вели Господ Саваот: »Моите градови одново ќе се исполнат со богатства, и Господ ќе го утеши Сион и пак ќе го избере Ерусалим.« Ги подигнав очите, а тоа, ете, четири рога. И му реков на Ангелот, кој зборуваше со мене: што е ова? А тој ми одговори: »тоа се роговите што ги распрснаа Јуда, Израилот и Ерусалим.« Потоа Господ ми покажа четири дрводелци. Пак реков: што ќе прават овие? А тој ми рече: оние рогови се што го распрснаа Јуда, така што никој од нив не може да си ја подигне главата; и, ете, тие дојдоа да ги уплашат, да им ги скршат роговите на народите, кои подигнаа рог против земјата на Јуда за да ја распрснат. И пак ги подигнав очите и видов: и, ете, еден маж, кој во раката имаше мерно јаже. Го прашав каде ќе одиш? Тој ми рече: одам да го измерам Ерусалим, за да видам колкава му е ширината и колкава му е должината. Тогаш ангелот, што зборуваше со мене, излезе, а друг ангел му дојде во пресрет, и тој му рече на оној: Побрзај и кажи му на оној млад човек – Ерусалим ќе се насели по селата поради многуте луѓе и добиток во него. И Јас ќе му бидам огнен ѕид, околу него, вели Господ, и ќе се прославам во него. Еј, еј! Бегајте од северната земја, вели Господ, зашто Јас ќе ве соберам од четирите ветра небески, вели Господ. Спасувај се Сионе, ти што живееш при ќерката Вавилонова. Зашто така вели Господ Седржителот, Кој ме прати за слава при народите, што ве плачкосуваа: »зашто кој ќе се допре до вас, ќе се допре до зеницата на окото Мое. И, ете, Јас ќе ја кренам раката Своја против нив, и тие ќе станат плен на слугите свои.« Тогаш ќе познаете дека Господ Саваот ме пратил. »Ликувај и весели се, ќерко Сионова, зашто ете, Јас ќе дојдам и ќе се населам во тебе«, вели Господ. И ќе се приберат многу народи при Господа во оној ден и ќе станат Негов народ. И Он ќе се насели меѓу тебе, и тогаш ќе разбереш дека Господ Саваот ме пратил при тебе. Тогаш Господ ќе го земе во владение Јуда, Својот дел на светата земја, и пак ќе го избере Ерусалим. Нека молчи секоја плот пред лицето на Господа, зашто Он стана во облаците од Своето свето живеалиште. Потоа ми го покажа тој Исуса, Големиот архиереј, Кој стоеше пред ангелот Господен, и сатаната, кој стоеше од Неговата десна страна, за да Му се противставува. И му рече Господ на сатаната: »Господ да те укори, Господ да ти забрани, Оној Кој го избра Ерусалим. Зар не е Он гламја истргната од оган?« А Исус беше облечен во извалкана облека и стоеше пред ангелот, кој им одговараше и на оние што стоеја пред него, и им рече: »Соблечете ја од него извалканата облека; и нему лично: ете, ја отфрлив од тебе вината твоја и те облекувам во торжествена облека.« Потоа рече: »Ставете Му на главата чист кидар« и – Му ставија на главата чист кидар и го облекоа во торжествена облека. А ангелот Господен стоеше. И ангелот Господен, сведочејќи, му рече на Исуса: вака вели Господ Саваот: »Ако одиш по патиштата Мои и ако бидеш Моја стража, ќе му судиш на Мојот дом и ќе ги вардиш дворовите Мои. И Јас ќе ти дозволам да одиш меѓу тие луѓе што стојат овде. Но, послушај, Исусе, голем архиереју, ти и браќата твои, што се пред твоето лице, оти тие луѓе се познати. Еве, Јас ќе го доведам Својот слуга – Зачетникот. Оти, ете, тој е каменот што го поставуавам пред Исуса, на тој единствен камен има седум очи; ете, Јас ќе го изделкам на него ликот негов, вели Господ Саваот, и ќе го простам гревот на оваа земја во еден ден.« Во тој ден, вели Господ Саваот, ќе се поканувате еден со друг под лозата и под смоквата. И се врати оној ангел, кој зборуваше со мене, и ме разбуди, како што се разбудува човек од сон. Па ми рече: што гледаш? Одговорив: еве, гледам свеќник цел од злато и чашка за елеј врз него, а и седум кандилца на него и по седум чашенца за кандилцата, при врвот. И две маслинки на него – една десно од чашката, а друга лево од неа. Одговорив и му рекова на ангелот, кој говореше со мене – што претставува ова, господине? И ангелот, што зборуваше со мене, одговори и ми рече: »зар не знаеш што е тоа?« Му реков »не знам, господине мој.« Тогаш одговори и ми рече: »тоа е словото Господово кон Зоровавела, што кажува – не со војска не со сила, а со Мојот Дух, вели Господ Саваот. Која си ти, планино голема, пред Зоровавела: Та ти си рамнина и он ќе го изнесе каменот темелник во восклик: благодат, благодат врз него!« И би слово Господово до мене: рацете на Зоровавела ги поставија основите на овој дом: неговите раце и ќе го завршат, и ти тогаш ќе рабереш дека Господ Саваот ме прати при вас. Оти, кој може да го омаловажи тој ден, кога радосно ќе ја гледаат ѕидарската висулка во рацете на Зоровавела оние седум, а тоа се очите на Господа, што со поглед ја опфаќаат целата земја? Потоа одговорив и му реков: што значат оние две маслинки од десната и од левата страна на свеќникот? И пак почнав да му зборувам и му реков – што треба да означуваат оние две маслинени гранчиња, што се наоѓаат меѓу двете златни цевчиња, кои од себе долеваат масло? А тој ми рече: »зар не ти е познато што е тоа?« Му одговорив: »не знам, господине мој.« Тогаш тој ми рече: »па тоа се двајцата помазаници со елеј, кои стојат пред Господа над целата земја.« Потоа пак ги подигнав очите и видов: а тоа лета свиток. И ме праша тој: »што гледаш?« Му одговорив: »гледам свиток како лета; должината му е дваесет лакти, а ширината десет лакти.« Тогаш ми рече: »Тоа е проклетството што ќе се излие врз целата земја; и секој што краде, ќе се истреби, како што е напишано на едната страна; и секој што се колне лажно, ќе се истреби – како што е напишано на другата страна. Јас го пуштив – вели Господ – и тој ќе влезе во домот на крадецот и во домот на оној, што се колне лажно во името Мое, и ќе остане во домот негов, и ќе ги истреби него, и дрвјата негови и камењата негови«. Тогаш влезе ангелот, што зборуваше со мене, и ми рече – подигни ги очите пак и погледај – што е она што излегува? А кога прашав: »што е тоа?« он ми одговори: она што излегува е ефа мерна, па додаде, тоа е образот нивни по целата земја. И, ете, одеднаш се издигна парче олово, а таму една жена седеше врз ефата. Ми рече тој: таа жена е беззаконието, па ја фрли среде ефата, а при отворот и го фрли парчето олово. И одново ги подигнав очите и видов: одеднаш се појавија две жени, и ветар имаше меѓу крилјата нивни; а крилјата им беа како крилја на штрк; и ја кренаа тие ефата и ја понесоа угоре меѓу земјата и небото. Го прашав ангелот, што зборуваше со мене: каде ја носат таа ефа? А тој ми одговори: – за да се изгради за неа дом во земјата Сенар, и кога ќе биде сѐ подготвено; тогаш таа ќе биде однесена и поставена на своето место. Пак ги подигнав очите свои и гледам: а таму, ете, излегуваат четири коли со коњи од еден дол меѓу две планини, а тие планини беа од бакар. Кај првата кола коњите беа црвеникави, кај втората црни; кај третата кола коњите беа бели, а кај четвртата кола – сиви и силни. Проговорив и му реков на ангелот, што зборуваше со мене: »А што значи ова, господине мој?« Ангелот одговори и ми рече: тоа се четирите небесни духа, кои излегуваат да се претстават пред Господа над целата земја. Враните коњи излегуваа кон северната страна, а белите одеа по нив, додека сивите коњи одеа кон јужната страна. Излегоа и силните, па се впуштија да ја обиколат земјата; и он им рече: »обиколете ја земјата«, и тие ја обиколија. Тогаш тој ме повика и ми рече: ете, оние што отидоа кон северната страна, го успокоија духот Мој против северната страна. И пак би слово Господово до мене: земи од дојдените робја, од Халдеја, од Товија и од Једаја, и тргни истиот ден, па дојди во домот на Јосија, синот Софониев, каде што тие пристигнаа од Вавилон. Земи од нив сребро и злато, па направи венци, и стави ги на главата на Исуса, синот Јоседеков, големиот архиереј, и речи им: вака вели Господ Саваот: »Ете, маж, името Негово е Зачетник,« Он ќе израсне од коренот свој и ќе создаде храм Господен. Он ќе создаде храм Господен и ќе се прослави, ќе седне на престолот свој и ќе биде владетел, ќе биде и свештеник на престолот свој, и ќе има согласност за мир меѓу едниот и другиот. А венци ќе бидат за Хелема и Товија, за Једаја и Хена, синот Софониев, како спомен во храмот Господен. И оддалеку ќе дојдат луѓе, што ќе учествуваат во градењето, на храмот, и вие тогаш ќе разберете, дека Господ Саваот ме испрати при вас, и сето тоа ќе се изврши, ако искрено го послушате гласот на вашиот Господ Бог. Во четвртата година на царот Дарија би слово Господово кон Захарија, на четвртиот ден од деветтиот месец – Хаслев, кога Ветил ги испрати Сарацера и Регемелеха и придружниците нивни за да се помолат пред лицето на Господа и да ги прашаат свештениците, што се наоѓаа во домот на Господа Саваот, и пророците, па да прашаат: »да плачеме ли во петтиот месец и да постиме ли, како што го правевме тоа, еве, веќе многу години?« И би слово на Господа Саваот до мене: »Кажи му на сиот народ од оваа земја и на свештениците вака: ‚кога постевте и плачевте во петтиот и седмиот месец, и тоа цели седумдесет години, за Мене ли постевте, зар за Мене? И кога јадевте и пиевте, зар не јадевте за себе и зар не пиевте за себе?‘ Зар истите зборови не ги кажуваше Господ преку поранишните пророци, кога Ерусалим беше населен и спокоен, а и градовите околу него, јужната страна и низината, кога беа населени?« И би слово Господово до Захарија: вака зборуваше тогаш Господ Саваот: извршувајте суд праведен и имајте милост и сочувство кон својот брат; вдовици и сираци, придојден и сиромав не злоставувајте и не мислите зло во срцата ваши еден против друг. Но тие на сакаа да слушаат, и се одвратија од Мене; и ушите ги затнаа за да не слушаат. И срцето го скаменија, за да не го пазат законот и зборовите што ги испраќаше Господ Саваот преку Својот Дух до поранешните пророци; па затоа и ги постигна големиот гнев на Господа Саваот. И како што викав Јас, а тие не слушаа, викаа и тие, но Јас не ги слушав, вели Господ Саваот. па ги распрснав по сите народи, кои тие не ги познаваа, и оваа земја запусте по нив, така што никој не одеше ни напред ни назад по неа, и тие саканата земја ја претворија во пустиња. И пак дојде слово од Господа Саваота: вака вели Господ Саваот: »Ревнував за Ерусалим и за Сион со голема ревност и со голем гнев ревнував за него«. Така вели Господ: »Ќе се обрнам кон Сион и ќе живеам во Ерусалим, и Ерусалим ќе се вика град на вистината, и гората на Господа Саваота ќе се вика – Света Гора«. Така вели Господ Саваот – »И пак старци и старички ќе седат по улиците на Ерусалим, секој со стапчето свое поради напреднатата возраст своја. А и улиците на тој град ќе се исполнат со момчиња и девојки, кои ќе си играат по улиците негови«. Вака вели Господ Саваот: »Ако во очите на другите им биде чудно во тие дни, зар ќе биде тоа чудно и во очите Мои?« – вели Господ Саваот. Вака вели Господ Саваот: »Ете, Јас ќе го спасам Својот народ од источната страна и од западната; ќе ги доведам, и тие ќе живеат во Ерусалим и ќе бидат Мој народ, и Јас ќе им бидам нивни Бог, во вистина и во правда«. Така вели Господ Саваот: »Поткрепете ги сега рацете свои вие, што ги слушате овие зборови од устата на пророците, кои беа при основањето на домот за Господа Саваота, за да се изгради храмот. Оти пред оние дни немаше ни плата за човек ниту награда за трудот на животното; немаше спокојство од непријателите ни за оној што доаѓаше, ниту за оној што си одеше; и дозволував Јас секој човек да му е непријател на друг човек. А сега за остатокот од овој народ Јас не сум веќе таков како во поранешните денови« – вели Господ Саваот. Зашто селидбата ќе се врши во мир, лозата ќе го даде својот плод, замјата ќе го даде својот род, а и небесата ќе ја даваат својата роса; и сето тоа ќе го предадам на остатокот од овој народ. И како што вие, доме Јудин и доме Израилев, бевте проколнати меѓу народите, така ќе ве избавам, и вие ќе бидете благословени; не плашете се, рацете ваши нека се поткрепат! Оти така вели Господ Саваот: »Како што бев определил да ве казнам, кога татковците ваши Ме прогневуваа – вели Господ Саваот – и не зажалив, така пак определив во овие дни на Ерусалим да му направам добро и на домот Јудин; не бојте се! Еве ги наредбите што треба вие да ги извршувате: зборувајте вистина еден на друг; праведно и мирољубово судете при портите ваши. Никој од вас да не му мисли зло на ближниот свој, и на посакувајте лажна клетва, зашто сето тоа Јас го мразам« – говори Господ Севишниот. И би слово до мене од Господа Саваота: Вака вели Господ Саваот: »Постот во четвртиот месец, постот во петтиот, постот во седмиот и постот во десеттиот месец за домот Јудин ќе бидат радост и голема веселба, сакајте ги вистината и мирот«. Така вели Господ Саваот: »Уште ќе доаѓаат народи и жители од многу градови, и ќе дојдат жителите од еден град при жителите во друг град, – па ќе речат: да дојдеме да се помолиме пред лицето на Господа и да Го побараме Господа Саваота; тогаш секој ќе рече – ќе појдам и јас. И ќе доаѓаат многу племиња и народи силни, за да го бараат Господа Саваота во Ерусалим и да се помолат пред лицето на Господа.« Така вели Господ Саваот: »Во тие дни ќе се фаќаат по десет души од разни народи за полата од Јудеец и ќе речат – ќе појдеме со тебе, оти чувме дека Бог е со вас«. Пророчкото слово на Господа е против земјата Хадрах, и во Дамаск ќе се задржи, зашто окото Господово ги набљудува сите луѓе, како и сите колена Израилеви; тоа е и врз Емат, кој се граничи со него, и е врз Тир и Сидон, оти тие станале многу лукави. Тир изградил тврдина, натрупал сребро како прашина, и злато како улична кал. И, ете, Господ ќе го направи беден и ќе му ја скрши силата негова во морето, а и самиот ќе биде истребен со оган. Тоа ќе го види Аскалон, и ќе се уплаши, а и Газа – па и таа ќе затрепери многу, и Екрон, оти ќе се засрами надежта негова: нема да има цар во Газа, и Аскалон нема да се насели. Туѓо племе ќе живее во Азот, и Јас ќе ја уништам гордоста на Филистејците. Ќе ја извлечам крвта од устата нивна, нечистотијата од забите нивни и тие ќе паднат пред нашиот Бог и ќе бидат како илјаданачалници во Јудеја, а Екрон ќе биде како Јевусеј. Ќе поставам стража околу Мојот дом спроти војската, спроти оние, кои преминуваат натаму и наваму, и нема повеќе да доаѓа непријател; оти сега Јас ќе го гледам со очите Свои. Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен е и со спасувачка сила, кроток, седнат на осле, рожба на ослицата. Тогаш ќе ги истребам колите на Ефрема и коњите на Ерусалим, и ќе се скрши убојниот лак; и Он ќе објави мир на народите, и царството Негово ќе се протега од море до море и од реката до краиштата на земјата. А што се однесува до тебе, Израиле, заради крвта на заветот Јас ги пуштив затворените од ровот, каде што нема вода. Враќајте се во тврдината вие затворените, кои се надевате! А сега што ќе воспоставам, ќе ти дадам двојно. Зашто како лак ќе го затегнам Јуда и лакот ќе го наполнам со Ефрема, па ќе ги подигнам синовите твои, Сионе, против синовите твои, Еладо и тебе ќе те направам како меч јуначки. Ќе се појави над нив Господ и како молскавица ќе излета стрелата Негова; ќе загрми Господ Бог со трубата и ќе појде кон јужните бури со гласот на гневот Свој. Господ Саваот ќе ги брани, и тие ќе истребуваат и ќе ги газат дури и камењата за праќи; ќе пијат крв како вино; и ќе се наполнат како жртвени чаши, како аглите на жртвеникот. И ќе ги спаси нивниот Господ Бог во оној ден, како стадо од Својот народ; оти тие ќе заблескаат како камења на круна во земјата Негова. О, колку голема ќе биде добротата негова и каква ќе биде убавината негова. Житото ќе ги весели момците, и виното девојките. Молете Го Господа за дожд во време благопријатно; Господ ќе светне со молскавица и ќе ви даде обилен дожд – зеленило во поле. Зашто лажните гледачи зборуваат празни зборови, и вражачите гледаат лажливи работи и прикажуваат лажни соништа; тие утешуваат со празни зборови; затоа талкаат како овци, талкаат оти немаат пастир. Против пастирите се распали гневот Мој, и јагнињата ќе ги пречекам; оти Господ Саваот ќе го посети стадото Свое, домот Јудин, и ќе го подготви како силен коњ за бој. Од него ќе направи аголен камен, од него – клин, од него лак за бој, од него ќе излезат сите управници на народот. И тие ќе бидат како јунаци што ги газат непријателите како улична кал, и ќе се борат, бидејќи Господ е со нив, и ќе ги посрамат јавачите на коњи. Ќе го зацврстам домот Јудин и ќе го спасам домот Јосифов, и ќе ги вратам, оти Јас се смилив над нив, и тие ќе бидат како да не сум ги оставил: зашто Јас сум нивниот Господ Бог, и ќе ги чујам. Како јунак ќе биде Ефрем; ќе се развесели срцето нивно како вино да пиеле, па ќе го видат тоа синовите нивни и ќе им се зарадува срцето нивно; во восхит ќе им биде тогаш срцето нивно во Господа. Ќе дадам знак и ќе ги соберам, оти ги откупив; ќе бидат многубројни како и порано; ќе ги раселам меѓу народите, но во далечни земји тие ќе се сеќаваат на мене и ќе живеат со децата свои, и ќе се вратат. Ќе ги вратам од земјата Египетска и од Асирија ќе ги соберам; ќе ги доведам во земјата Галад и на Ливан, и не ќе има доволно место за нив. Ќе преминат по морето и ќе ги поразат морските бранови; ќе пресушат сита длабини на реката, и ќе се смири гордоста на Асура, и скиптариот ќе биде одземен од Египет. Ќе ги зацврстам во Господа, и тие ќе одат во името Негово, вели Господ. Отвори ги, Ливане, портите свои и оган нека ги проголта кедрите твои. Плачи, кипарисе, зашто падна кедарот, оти и великаните се опустошени; ридајте, дабови васански, бидејќи е провалена непроодната гора. Се слуша гласот од плачењето на паситрите, бидејќи е опустошено нивното велелепие; се слуша рикањето на лавовите, оти е опустошена убавината на Јордан. Така вели Господ Бог, мојот Бог: паси ги овците, определени за клање, кои купувачите, без пречка ќе ги колат, а продавачите ќе им велат: »нека е благословен Господ; се збогативме!« И паситрите нивни не ќе ги жалат. Зашто Јас веќе нема да им проштевам на жителите од земјата, вели Господ; ете, ќе ги предадам луѓето, секого во рацете на неговиот ближен и во рацете на неговиот цар, и тие ќе ја поразуваат земјата, а Јас нема да ги избавувам од рацете нивни. И ќе ги пасам овците во земјата Хананска, определени за клање, овци навистина бедни. И ќе земам два стапа, едниот ќе го наречам – благоволение, а другиот – вериги; со нив ќе ги пасам овците. И ќе истребам тројца од пастирите во еден месец и ќе се одврати душата Моја од нив, оти и нивната душа ќе се одвраќа од Мене. Тогаш ќе речам: нема да ве пасам; онаа што умира, нема умре, и која загинува, нека загине; и тие, пак, што ќе останат нека се изедат една со друга. И така ќе го земам стапот Свој благоволение и ќе го прекршам, за да го уништам заветот што го склучив со сите народи. И тој ќе биде уништен во оној ден, и тогаш ќе разберат бедните овци, кои Ме очекуваат, дека ова е слово од Господа. И ќе им речам: ако ви е угодно, дајте Ми ја наградата Моја; ако, пак не – не давајте Ми ја; и тие Ми одредија плата триесет сребреници. А Господ ми рече: стави ги во црковната каса – тоа е висока цена, со која ме оценија. И јас ги зедов тие триесет сребреници и ги фрлив во домот Господен за грнчарот. Го скршив и Својот друг стап – вериги, за да го раскинам братството меѓу Јуда и Израилот. И ми рече Господ: земи си уште нешто од опремата пастирска. Оти, ете, Јас ќе поставам пастир на оваа земја, кој нема да се грижи за оние што загинуваат, нема да ги бара загубените и болните нема да ги лекува, здравите нема да ги храни, а месото од згоените ќе го јаде, копитата, пак, ќе им ги откинува. Тешко му на овој мрзлив пастир, што го остава стадото! Меч ќе му стои над раката негова и над неговото десно око! Раката наполно ќе му се исуши, и десното око негово наполно ќе потемнее. Пророчко слово од Господа за Израилот. Господ, Кој го распна небото и ја основа земјата и му создаде на човекот дух, кој е во него, вели: ете, Јас ќе го направам Ерусалим како чаша за опивање на сите народи околни, а исто така и за Јуда во времето на ерусалимската опсада. Во оној ден ќе го направам Ерусалим како тежок камен за сите племиња; сите што ќе го подигаат, ќе се искилават, а ќе се соберат против него сите народи земни. Во оној ден, вели Господ, Јас ќе го поразам секој коњ со лудост, а коњаникот негов – со безумие, додека врз домот Јудин ќе ги отворам очите Свои; секој коњ пак, при народите ќе го празам со слепило. Тогаш кнезовите Јудини ќе речат во срцата свои: моја сила се жителите на Ерусалим во Господа Саваот, нивниот Бог. Во оној ден Јас ќе ги направам кнезовите Јудини како запален јаглен меѓу дрва и како огнено светило меѓу снопови; тие ќе ги истребат сите околни народи, и од десната и од левата страна, и Ерусалим ќе биде одново населен на своето место – во Ерусалим. И Господ ќе ги спаси најнапред шаторите на Јуда, така што величието на домот Давидов и величието на ерусалимските жители да не се издига над Јуда. Во оној ден Господ ќе ги брани жителите на Ерусалим, и најслабиот меѓу нив во оној ден ќе биде како Давид, а домот Давидов ќе стане како Божји дом, како ангел Господен пред нив. Во оној ден ќе ги истребам сите народи, што го напаѓаат Ерусалим. А врз домот Давидов и врз жителите ерусалимски ќе излијам дух на благодат и милост, и тие ќе погледаат на Него, Кого тие го прободоа, и ќе плачат за Него, како што се плаче за еднороден син, и ќе жалат како што се жали за првороден. Во оној ден ќе се крене голем плач во Ерусалим, како плач на Хададримона во долината Мегидон. И ќе плаче земјата, секое племе посебно; племето на домот Давидов, и жените нивни одделно; племето на Левија одделно, и жените нивни одделно; племето Симеоново одделно, и жените нивни одделно; и сите други племиња, секое племе одделно, и жените нивни одделно. Во оној ден ќе се отвори извор за домот Давидов и за жителите ерусамиски, за да се измијат од гревовите нивни и од нечистотијата. Во оној ден, вели Господ Саваот, Јас ќе ги истребам имињата на идолите од оваа земја, и тие повеќе нема да се спомнуваат; ќе ги истребам и лажните пророци и нечистиот дух од оваа земја. Тогаш, ако некој претскажува, татко му и мајка му, што го родиле, ќе му речат: ти не треба да живееш, зашто кажуваш лага во името на Господа; и ќе го убијат татко му и мајка му, кога тој ќе претскажува. Во оној ден ќе се засрамат таквите претскажувачи, секој од кажувањето свое, кога ќе почнат да претскажуваат, и нема да се облекуваат во вреќишта, за да лажат. Тогаш секој ќе рече: јас не сум пророк, земјоделец сум, бидејќи некој ме направил роб од детството мое. Но ќе му речат: а од што ти се белезите на рацете твои? Тој ќе одговори: од тоа што ме биеја дома оние што ме сакаа. О, мечу, подогни се против Мојот пастир и против Мојот ближен, вели Господ Саваот: порази го пастирот, и овците ќе се распрснат! И Јас ќе ја свртам раката Своја против малите. И по целата земја, вели Господ, два дела од неа ќе бидат истребени, ќе изумрат, а третиот ќе остане. И тој трет дел ќе го минам низ оган, и ќе ги стопам како што се топи сребро, и ќе ги исчистам, како што се чисти злато; тие ќе го повикаат името Мое, и Јас ќе ги чујам; тоа е Мојот народ, а тие ќе речат: Господ е мој Бог! Ете, настапува денот Господен кога ќе го разделат ограбеното од тебе пред тебе. Ќе ги соберам сите народи во војна против Ерусалим; градот ќе биде преземен, и домовите разгребени; жените ќе бидат обесчестени, половината од градот ќе отиде во ропство; но останатиот народ нема да биде истребен од градот. Тогаш ќе излезе Господ и ќе се сврти против тие народи, како што војуваше во борбен ден. И ќе застанат нозете Негови на Елеонската Гора во оној ден, што се наоѓа спроти Ерусалим од источната страна: и ќе се расцепи Елеонската Гора од исток кон запад со многу голема долина и половината ќе појде кон север, а втората половина кон југ. И вие ќе побегнете во долината на Моите гори, оти планинската долина ќе се протега до Асил; а ќе побегнете како што бегавте од земјотресот во деновите на Озија, царот Јудејски; и ќе дојде Господ, мојот Бог, и сите светии со Него. Во тој ден нема да има светила, светилата ќе бидат премавнати. Тој ден ќе биде единствен, познат само на Господа; ниту ден, ниту ноќ – само приквечер ќе се појави светлина. Во тој ден ќе потечат живи води од Ерусалим, половина кон источното море, а половина кон западното море; така ќе биде и лете и зиме. И Господ ќе биде Цар над целата земја; во тој ден Господ ќе биде единствен и името Негово – едно единствено. Целата таа земја ќе биде како рамнината од Гаваон до Ремон, јужно од Ерусалим, кој се извисил на местото свое и кој ќе се насели од портите Венијаминови до местото на првите порти, до Агловите порти, и од кулата на Ананеила до царските визби. И ќе се населат во него, и проклетство нема да има повеќе, а Ерусалим ќе се наоѓа во безопасност. И ете какво ќе биде поразувањето, со кое Господ ќе ги порази сите народи, кои војувале против Ерусалим – телото на секого од нив ќе се исуши уште додека стои на нозете свои, и очите ќе му се стопат во длабнатините, и јазикот ќе му се исуши во устата негова. И во тој ден ќе завладее голем смут од Господа, така што еден друг ќе се фаќаат за раката своја и секој ќе ја подига раката своја против раката на ближниот свој. Но и Јуда самиот ќе војува против Ерусалим, и богатството на сите околни народи ќе биде собрано: злато, сребро и облеки во голем број. Таков пораз ќе има и врз коњите и маските, камилите и ослите, и врз секаков добиток, што ќе се наоѓа во куќите нивни. А потоа сите други што доаѓаат во Ерусалим, од сите народи, ќе доаѓаат од година во година, за да се поклонат на Царот, на Господа Саваот, и да го празнуваат празникот Сеници. И, ако некое од племињата земни не појде во Ерусалим, за да Му се поклони на Царот, на Господа Саваот, дожд нема да падне при нив. И, ако племето египетско не тргне на пат и не дојде тука, и тоа нема да добие дожд, па ќе го постигне пораз, со каков ги порази Господ оние народи, што не доаѓале да го празнуваат празникот Сеници. Ете што ќе стане за гревот на Египет и за гревот на сите народи, кои нема да дојдат да го празнуваат празникот Сеници. Во тоа време дури на уздите од коњите ќе биде забележано »светиња на Господа«, и котлите во домот Господен ќе бидат како жртвените садови пред жртвеникот. И сите котли во Ерусалим и во Јудеја ќе бидат светиња на Господа Саваот, и ќе доаѓаат сите што принесуваат жртва, ќе ги земат и ќе варат во нив, и нема повеќе да има ниту еден Хананеец во домот на Господа Саваот во тој ден. Пророчко слово од Господа до Израилот преку Малахија. Ве засакав, вели Господ. А вие рековте: »Во што си покажал милост кон нас?« Зар Исав не е брат на Јакова, вели Господ, но сепак Јас го засакав Јакова, а Исава го замразив и ги предадов планините негови, за да се запустат, и пределите негови – на шакалите пустински. Ако Едом рече – ние сме разорени, но ќе се подигнеме сами, Господ Саваот вели – тие ќе се подигнат, но Јас пак ќе ги разурнам, и така ќе ги наречат – нечесен крај и народ – на кој се разгневил Господ засекогаш. И вие ќе го видите тоа, па ќе речете: се возвеличи Господ над пределите Израилеви. Синот го почитува татка си, а робот – господарот свој; а ако сум Јас татко, тогаш каде е почитта кон Мене? И ако сум Јас Господ, тогаш каде е стравот пред Мене – вели Господ Саваот; вие свештениците, кои го презирате името Мое, велите: во што го презираме името Твое? На жртвеникот Мој вие принесувате нечист леб, а велите, со што Те осквернуваме? – Со тоа што велите: трпезата Господова не заслужува почитување. И кога како жртва принесувате слеп добиток – не ли е тоа лошо, или кога принесувате хромо и болно, зар и тоа не е лошо? Ако го однесеш тоа на твојот кнез – ќе биде ли тој задоволен од тоа и ќе те прими ли со радост, вели Господ Саваот. И така, молете Му се на Бога за да нѐ помилува; но штом таква работа излегува од рацете ваши, ќе може ли Он тоа милостивно да го прими, вели Господ Саваот. Подобро е таков од вас да ја затвори вратата и да не се пали напразно оган на Мојот жртвеник. Не сте Ми мили, вели Господ Саваот, и не сакам да примам дар од вашите раце. Зашто од сончев исток па сѐ до запад името Мое ќе стане големо меѓу народите, и тие на секое место ќе принесуваат темјан и чиста жртва; големо ќе стане името Мое меѓу народите, вели Господ Саваот. А вие го хулите со тоа што велите – трпезата Господова не заслужува почитување и користа од неа е мала. А притоа велите уште: и ете колку голем труд, а можеше и без тоа, вели Господ Саваот; принесувате крадено, хромо и болно, а притоа принесувате уште и таков лебен дар: па можам ли со благонаклоност да го примам тоа од вашите раце, вели Господ Саваот. Нека е проклет оној што лаже, оној кој во стадото свое има неповредено машко, а дал и завет, па во жртва на Господ Му принесува повредено; зашто Јас сум Цар голем и името Мое е страшно пред народите. И така, за вас свештениците е ова заповед: ако не послушате и не си ставите на срце, за да Му воздадете слава на името Мое, вели Господ Саваот, Јас ќе испратам врз вас проклетство и ќе ги проколнам вашите благослови, и веќе проколнувам, бидејќи вие не сакате ова да го примите на срце. И, ете, јас ќе ви го одземам трудот, и нечистотојата ќе ви ја фрлам врз лицето ваше, нечистотиите од вашите празнични жртви, и ќе ве исфрлам заедно со нив. И тогаш ќе познаете, дека Јас ја дадов таа заповед, за да го запазам заветот Мој со Левија, вели Господ Саваот. Заветот Мој со него беше завет за живот и мир, и јас му го дадов за страв, и тој се боеше од мене и од името Мое се плашеше. Законот на вистината беше на устата негова, и неправда не се најде на јазикот негов; во мир и правда тој одеше со Мене и многумина отстрани од грев. Оти устата на свештеникот треба да располага со знаење, и Законот го бараат од устата негова, бидејќи тој е гласник на Господа Саваот. А вие се отстранивте од овој пат, на многумина им послуживте како соблазан во Законот, го разрушивте заветот на Левија, вели Господ Саваот. Затоа Јас ќе ве направам презрени и понизени пред сиот народ, оти не ги запазивте патиштата Мои и во Законот гледате кој е кој. Зар сите немаме еден и ист Отец? Нели Единиот Бог нѐ создаде? Зошто тогаш вероломно постапуваме еден со друг, нарушувајќи го на тој начин заветот на нашите татковци? Вероломно постапува Јуда, и одвратност се врши во Израилот и во Ерусалим; Јуда ја оскверни светињата Господова, која требаше да ја сака, а освен тоа и се ожени со ќерка на туѓ бог. Господ ќе го истреби од шаторите на Јакова оној, кој прави така, кој е постојано на стража, кој одговара и принесува жртва на Господа Саваот. А го правите и ова – го обливате со солзи жртвеникот Господов, плачејќи и воздивнувајќи, така што Он веќе и не гледа на приносот и не ја прима жртвата за милост од рацете ваши. Вие, пак, велите – зошто? Поради тоа што Господ беше сведок меѓу тебе и жената од твојата младост, спрема која постапи вероломно, и ако ти е таа твоја помошничка и твоја законска жена. Зар не го направи истото и еден друг, во кого имаше силен дух? А што направи тој? Тој сакаше да добие потомство од Бог. Па така, пазете го духот свој и никој да не ја изневерува жената од својата младост. Ако, пак, ја напуштиш од омраза, вели Господ Бог Израилев, бесчестие ќе си навлечеш на облеката своја, така вели Господ Саваот. Затоа пазете го духот свој да не постапувате вероломно. Вие го разгневувате Господа со своите зборови, велејќи: па со што го лутиме? Со тоа што велите – секој што прави зло, добар е пред очите на Господа и кон Него благоволи, а и каде е Бог, Кој право суди? И ете, Јас ќе го испратам ангелот Свој, и тој ќе го приготви патот пред Мене, и ненадејно ќе дојде во храмот Свој Господ, Кого Го барате, и Ангелот на заветот, кого вие го пожелувате; ете, Он иде, вели Господ Саваот. Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање, и кој ќе устои, кога ќе се јави Он? Зашто Он е како оган, што растопува, и пепелница што чисти, па ќе седне Он да претопува и да чисти сребро, и ќе ги очисти синовите на Левија и ќе ги претопи како злато и како сребро, за да Му принесат жртва со правда. Тогаш ќе биде пријатна на Господа жртвата Јудина и на Ерусалим, како во старите времиња и како во поранешните години. И ќе дојде при вас за суд и ќе биде брз извршител против вражачите и прељубодејците, и против оние кои лажно се колнат и ја задржуваат наградата на наемникот, ги измачуваат вдовиците и сираците, ги одбиваат придојдените, и од Мене не се бојат, вели Господ Саваот. Оти сум Господ, Јас не се изменувам; затоа вие, синовите на Јакова, не бевте уништени. Уште од деновите на вашите татковци отстапивте од наредбите Мои и не ги запазивте; обрнете се кон Мене, и Јас ќе се обрнам кон вас, вели Господ Саваот. Вие, пак, ќе речете, како да се обрнеме? Може ли човек да краде од Бога? Но вие крадете од Мене. Ќе речете: »што крадеме од Тебе? – од десетокот и од приносите.« Со проклетство сте проколнати, зашто Ме одбирате – вие и сиот народ. Донесете ги сите десетоци пред вратите, па да има храна во Мојот дом, и барем во тоа испитајте Ме, вели Господ Саваот: зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да имате и на претек? Заради вас ќе им забранам на оние, што ги изедуваат плодовите земни, и лозата ваша во полето нема да остане без плод, вели Господ Саваот. И блажени ќе ве наречуваат сите народи, оти ќе бидете земја пожелувана, вели Господ Саваот. Дрски се зборовите ваши пред Мене, вели Господ Саваот. Прашувате: – што зборуваме против Тебе? Велите: залудно е служењето на Бога, и каква корист имаме, ако ги пазиме наредбите Негови и одиме во жална облека пред лицето на Господа Саваот? Ете, гордите ние ги сметаме за подобри: напредуваат оние што вршат беззаконие, па, иако Го искушуваат Господа, си остануваа незасегнати. Но оние, кои се бојат од Бога, си велат еден на друг: Господ гледа и го пази тоа, и пред лицето Негово се пишува споменкнига за оние што се бојат од Бога и го почитуваат името Негово. И тие ќе бидат Мои, вели Господ Саваот, Моја сопственост во оној ден, што ќе го приготвам, и ќе го милувам како што татко го милува синот свој, кој му служи. И тогаш повторно ќе ја видите разликата меѓу праведник и безбожник, меѓу оној кој Му служи на Бога и оној кој не Му служи. Зашто, ете, ќе настапи ден, кој гори како печка; тогаш сите горди и оние, кои постапуваат нечесно, ќе бидат како слама, и ќе ги изгори денот оние што иде, вели Господ Саваот; и така, нема да остане од нив ни корен, ниту гранчиња. А за вас, кои се боите од името Мое, ќе изгрее сонцето на правдата, и исцеление ќе има во зраците негови, и вие ќе излезете и ќе се разиграте како нахранети теленца; и ќе ги газите нечестивите, оти тие ќе бидат прав под стапалата на нозете ваши во тој ден, што јас ќе го приготвам, вели Господ Саваот. Помнете го законот на Мојсеја, слугата Мој, кому му заповедав на Хорив за сиот Израил, како и – правилата и наредбите. Ете, Јас ќе го пратам при вас пророкот Илија, пред да настапи денот Господен – големиот и страшниот. И тој ќе ги обрне срцата на татковците – кон децата нивни, и срцата на децата кон татковците нивни, па кога ќе дојдам, за да не ја поразам земјата со проклетство. Книга за родословот на Исуса Христа, син Давидов, син Авраамов. Авраам го роди Исака, Исак го роди Јакова, а Јаков го роди Јуда и браќата негови; Јуда го роди Фареса и Зара од Тамар; Фарес го роди Есрома, а Есром го роди Арама; Арам го роди Аминадава; Аминадав го роди Наасона, а Наасон го роди Салмона; Салмон го роди Вооза со Раав; Вооз го роди Овида со Рут, а Овид го роди Јесеја; Јесеј го роди цар Давида, а цар Давид со поранешната Уриева жена го роди Соломона; Соломон го роди Ровоама; Ровоам го роди Авија, а Авија го роди Аса; Аса го роди Јосафата; Јосафат го роди Јорама, а Јорам го роди Озија; Озија го роди Јоатама; Јоатам го роди Ахаза, а Ахаз го роди Езекија; Езекија го роди Манасија; Манасија го роди Амона, а Амон го роди Јосија; Јосија го роди Јоакима; Јоаким го роди Јехонија и браќата негови за време преселувањето во Вавилон. А по Вавилонското преселување Јехонија го роди Салатиила, а Салатиил го роди Зоровавела; Зоровавел го роди Авиуда; Авиуд го роди Елијакима, а Елијаким го роди Азора; Азор го роди Садока; Садок го роди Ахима, а Ахим го роди Елиуда; Елиуд го роди Елеазара; Елеазар го роди Матана, а Матан го роди Јакова; Јаков го роди Јосифа, мажот на Марија, од која се роди Исус, наречен Христос. И така, сите родови од Авраама до Давида се четиринаесет; и од Давида до Вавилонското преселување се четиринаесет родови; а и од преселувањето Вавилонско до Христа – родови четиринаесет. А раѓањето на Исуса Христа стана вака: по свршувачката на мајка Му Марија за Јосифа, уште пред да се состанат, се виде дека е тешка од Светиот Дух. А Јосиф, нејзиниот маж, бидејќи праведен, не сакаше да ја посрами и намисли тајно да ја отпушти. Но, штом помисли така, ангел Господов му се јави насон и рече: »Јосифе, син Давидов, не бој се да ја примиш Марија, жената своја, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух; Таа ќе роди Син и ќе Му ставиш име Исус, зашто Он ќе го спаси народот Свој од неговите гревови.« А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господа преку пророкот, кој вели: И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог! Штом се разбуди Јосиф од сонот, направи така како што му беше заповедал ангелот Господов и ја прими жената своја. И не се доближи до неа, додека таа не Го роди својот првороден Син и Го нарече Исус. А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирода, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток и рекоа: Каде е новородениот Цар Јудејски? Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме. Штом го чу тоа, цар Ирод се уплаши и целиот Ерусалим со него. И кога ги собра сите првосвештеници и книжници народни, ги праша: »Каде треба да се роди Христос?« А тие му одговорија: »Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу војводствата Јудини; оти од тебе ќе излезе Водач што ќе го пасе Мојот народ – Израилот.« Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и дозна од нив точно за времето, кога се појавила ѕвездата, па, испраќајќи ги во Витлеем, рече: »Отидете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да отидам и јас да Му се поклонам.« Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на Исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото, каде што беше Младенецот. А кога ја видоа ѕвездата, тие се зарадуваа со многу голема радост. И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна. И кога примија в сон вест, не се вратија веќе при Ирода, а си заминаа по друг пат за својата земја. А штом си отидоа тие, ете, ангел Господов му се јави на Јосифа в сон, велејќи: »Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму дури не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби.« И тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му ноќно време, па отиде во Египет. И таму беше до смртта Иродова, за да се исполни реченото од Господа преку пророкот, кој вели: »Од Египет Го повикав Синот Свој.« Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу и прати, та ги уби сите младенци во Витлеем и по целата негова околина од две години и помали, според времето што точно го беше узнал од мудреците. Тогаш се исполни кажаното преку пророкот Јеремија, кој говори: Глас се слуша во Рама, плач и ридање, и пискот голем: Рахил плаче за своите деца и не сака да се утеши, зашто ги нема. А по смртта Иродова му се јави на Јосифа насон во Египет ангел Господов и му рече: »Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, и отиди во земјата Израилева, зашто изумреа оние што ја бараа душата на Младенецот.« Тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му, и дојде во земјата Израилева. Но, кога чу дека во Јудеја царува Архелај, место татка си Ирода, се уплаши да отиде таму; и откако доби вест в сон, тој замина во пределите Галилејски. А кога пристигна, се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни кажаното преку пророците дека Он ќе се нарече Назареец. Во тие дни дојде Јован Крстител и проповедаше во пустината Јудејска, и говореше: »Покајте се, зашто се приближи царството небесно!« Оти овој е, навистина оној за кого рекол пророкот Исаија: »Гласот на оној, што вика во пустината, вели: ‚Пригответе го патот на Господа и исправете ги патеките Негови!‘« А сам Јован имаше облека од камилски влакна и појас од кожа околу слабините, а храната му се состоеше од скакулци и див мед. Тогаш од Ерусалим и цела Јудеја и од целиот крај Јордански доаѓаа при него и се крштаваа од него во реката Јордан, исповедувајќи ги своите гревови. А штом виде Јован дека при него доаѓаат мнозина фарисеи и садукеи за да се крстат, им рече: »Породи змиини, кој ви кажа да бегате од гневот што иде? Направете плод достоен за каење и немојте да говорите во себе: ‚Наш татко е Авраам‘ зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му издигне чеда на Авраама. Секирата веќе лежи при коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган. Јас ве крштавам за покајание со вода, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган. Лопатата е во рацете Негови и Он ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го прибере житото во амбар, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне.« Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан при Јована за да се крсти од него. А Јован Го одвраќаше, велејќи: »Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли – доаѓаш?« Но Исус му одговори и рече: »Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда.« Тогаш Јован Го остави. И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата, и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. И ете, глас од небесата говореше: »Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!« Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината за да биде искушуван од ѓаволот. И како постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне. А кога се приближи до Него, искушувачот Му рече: »Ако си Син Божји, кажи овие камења да станат лебови.« А Он му одговори и рече: »Напишано е – ‚Не само од леб ќе живее човекот, а од секој збор што излегува од устата на Бога.‘« Тогаш ѓаволот Го одведе во Светиот град и Го постави на храмовата стреа, и Му рече: »Ако си син Божји, скокни долу, зашто во Писмото стои: ‚На ангелите Свои ќе заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не Си ја сопнеш некако ногата од камен.‘« А Исус му рече: »Напишано е исто така – ‚Не искушувај Го Господа, Твојот Бог‘.« Го одведе ѓаволот потоа на многу висока планина, и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава, и Му рече: »Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.« Но Исус му рече: »Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господа, твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘« Тогаш ѓаволот Го остави и ете дојдоа ангели и Му служеа. А кога чу Исус дека Јован е предаден, отиде во Галилеја; И кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум приморски, во пределите Завулонови и Нефталимови, за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели: Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја. »Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во место на сенка смртна, им изгреа светлина.« Оттогаш почна Исус да проповеда и да говори: »Покајте се, зашто се приближи царството небесно!« И одејќи покрај Галилејското море, ги виде двајцата браќа, Симона, наречен Петар, и брата му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари, и им рече: »Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.« И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. Потоа, одејќи, понатаму виде други двајца браќа: Јакова Заведеев и брата му Јована, во Кораб со Заведеја, таткото нивни, кои си ги крпеа мрежите свои, и ги повика. И тие наеднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него. И одеше Исус по цела Галилеја и, кога поучуваше по синагогите, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ кај народот. Па се разнесе глас за Него по цела Сирија и ги доведуваа при Него сите болни, нападнати од различни болести и страдања, и бесни, и месечари, и фатени – а Он ги лекуваше. И по него одеше многу народ од Галилеја и од Десеттоградието, од Ерусалим и од Јудеја, отаде Јордан. Кога го виде народот, Он се искачи на планината; а штом седна, учениците Негови се приближија до Него. И кога ја отвори устата Своја, ги поучуваше и говореше: »Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно! Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат! Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата! Блажени се гладните и жедните за правда, оти тие ќе се наситат! Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога! Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји! Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно! Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно – заради Мене! Радујте се и веселете се зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас. Вие сте солта на земјата. Но, ако солта ја изгуби силата, со што ќе се осоли? Таа веќе за ништо не е, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето. Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и клава под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите в куќи. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни. Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата ниту една јота или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ. И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, најмал ќе се нарече во царството небесно; а оној што ќе ги исполни и поучи, тој голем ќе се нарече во царството небесно. Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно. Сте слушале дека им било речено на старите: ‚Не убивај! А кој убие, виновен е пред судот‘. Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот; а оној што ќе го нарече брата си ‚празноглав‘, ќе биде виновен пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече ‚будала‘, ќе биде виновен за во пеколот. И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот. Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата – на слугата и да бидеш затворен; вистина, ти велам: нема да излезеш оттаму сѐ дури не го дадеш и последниот кодрант. Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое. Ако те соблазнува десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да погине еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот. И десната рака, ако те соблазнува, исечи ја и фрли ја од себе; оти подобро ти е да погине еден твој дел, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот. Речено било исто така: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде развод‘. А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува. Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите – ‚Не колни се криво, а заклетвите пред Господа исполнувај ги‘. Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, оти тоа е престол Божји; ниту во земјата, зашто таа е подножје на нозете Негови; ниту во Ерусалим, оти е град на великиот Цар. Не колни се ни во главата своја, зашто не можеш ниту едно влакно од косата своја да го направиш бело или црно. Но зборот ваш да биде: да, да, – не, не, а сѐ што е повеќе од тоа, од лукавиот е. Сте слушале дека е речено: ‚Око за око, заб за заб‘. Јас, пак, ви велам: да не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот. А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и горната облека. И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две. На оној што бара од тебе, дај му, и не го одбивај оној што ти сака нешто на заем. Сте слушале дека е кажано – ‚Љуби го својот ближен и мрази го непријателот‘. А Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец небесен; зашто Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните. Оти, ако ги љубите оние што ве милуваат вас, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и митниците? И, ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците? Но бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен.« »Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето, за да ве видат; инаку нема да имате награда од вашиот Отец небесен. И така, кога даваш милостина, не разгласувај, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да ги фалат луѓето. Навистина ви велам, тие веќе ја добиле својата награда. А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостина тајна; и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно. И кога се молиш, не биди како лицемерите, што сакаат да стојат по синагогите и раскрсниците за да се молат и да се покажуваат пред луѓето. Вистина ви велам дека тие веќе си ја добиле својата награда. Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Он, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно. Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многу зборови ќе бидат услишени; вие, пак, немојте да бидете како тие, оти вашиот Отец небесен знае од што имате нужда уште пред да сте Го помолиле. Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го денес; и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници; и не нѐ воведи во искушение, но избави нѐ од лукавиот, зашто Твое е царството, и силата, и славата во сите векови. Амин! Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите. Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам, оти тие ја добиле веќе својата награда. А ти, кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред својот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно. Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и 'рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту 'рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат; зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше. Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло; ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината? Никој не може да им слугува на двајца господари: оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамона. Затоа ви велам: немојте да се грижите за душата – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете. Зар не чини душата повеќе од храната, и телото – од облеклото? Погледајте ги птиците небески; тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат; но вашиот Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив? А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакот? Зошто се грижите и за облеката? Погледајте ги полските кринови како растат: не се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив; па, ако полската трева, што денеска постои, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе вас, маловерни!? Па затоа не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме? Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба. Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде. И така, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето; на секој ден доста му е неговото зло.« »Не судете, за да не бидете судени; оти, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери. Зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја чувствуваш? Или, како ќе кажеш на брата си – чекај да ти ја извадам раската од окото; а, пак, ете, во твоето око има греда? Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си. Светињата не ја давајте на кучињата, и не си го фрлајте бисерот пред свињите, за да не го изгазат со своите нозе, и откако се повратат, да не ве раскинат. Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори; зашто секој што сака, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори. Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, да му даде камен, и кога посака риба, да му даде змија? И така, ако вие, бидејќи лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што Му бараат? Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; оти тоа се Законот и Пророците. Влезете низ тесната врата; оти широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малцина го наоѓаат. Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи. По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови; не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган. И така, по нивните плодови ќе ги познаете. Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен. Мнозина ќе ми речат во оној ден: ‚Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме?‘ И тогаш Јас ќе им кажам: ‚Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!‘ И така, секој, што ги слуша и исполнува овие Мои зборови, ќе биде како благоразумен маж, кој си направил куќа на камен. И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, оти беше изградена на камен. А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на човек глупав, кој си направил куќа на песок. И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страшно.« И кога ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење, зашто Он ги поучуваше како Оној, Кој има власт, а не како книжниците. А кога слегна од планината, по Него врвеше многу народ. И ете, се приближи еден лепрозен. Му се клањаше и говореше: »Господе, ако сакаш, можеш да ме очистиш.« А Исус, кога ја пружи раката, се допре до него и рече: »Сакам, очисти се!« И тој веднаш се очисти од лепрата. И му рече Исус: »Гледај, никому не кажувај; а оди, покажи им се на свештениците и принеси дар, како што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.« А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи: Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда. Исус му рече: »Ќе дојдам и ќе го излекувам.« А стотникот одговори и рече: »Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави; зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.« Кога го чу тоа, Исус се зачуди и им рече на оние што врвеа по Него: »Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера. И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраама, Исака и Јакова во царството небесно, а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.« И му рече Исус на стотникот: »Оди си и, како што си поверувал, нека ти биде!« И слугата негов во истиот час оздраве. Кога дојде во домот на Петра, Исус ја виде тештата негова како лежи болна од треска, и се допре до раката нејзина, и треската ја остави; таа стана и им служеше. А кога се стемни, доведоа при Него мнозина бесни, и Он со еден збор ги изгони духовите и ги излекува сите болни, за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: »Он ги зеде на Себе нашите немоќи и ги понесе болестите.« Кога виде околу Себе многу народ, им заповеда на учениците да минат на другата страна. Тогаш се приближи до Исуса еден книжник и Му рече: »Учителе, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.« А Исус му рече: »Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да потслони.« Друг, пак, од учениците Му рече: »Господи, позволи ми најнапред да отидам да го погребам татка си« Но Исус му рече: »Врви по Мене, и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци!« И кога влезе во коработ, по Него влегоа и учениците Негови. И ете, настана голема бура во морето, така што брановите го покриваа коработ, а Он спиеше. Тогаш се приближија учениците до Него, Го разбудија и рекоа: »Господи, спаси нѐ, загинуваме!« А Он им рече: »Зошто сте толку плашливи, маловерни?« Потоа стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана голема тишина. А луѓето се зачудија и рекоа: »Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат?« И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двајца бесни, излегле од гробиштата; беа толку лоши што не смееше никој да мине по тој пат. И ете, извикаа и рекоа: »Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји! Зар си дошол тука предвреме да нѐ мачиш?« А далеку од нив пасеше голем број свињи. И бесовите Го молеа и говореа: »Ако нѐ изгониш, позволи ни да отидеме во свињине!« И Он им рече: »Отидете!« И тие излегоа и отидоа во свињите. И одеднаш сите свињи се сурнаа низ стрмнината во морето и се издавија во водата. А свињарите побегнаа и, штом дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за она, што се беше случило со бесните. И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исуса и, кога Го видоа, Го замолија да си отиде од нивниот крај. Тогаш Он влезе во еден кораб, се врати назад и пристигна, во својот град. И ете, донесоа при Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: »Не плаши се чедо! Ти се простуваат гревовите твои!« Тогаш некои од книжниците рекоа во себе: »Овој богохулствува.« А Исус, штом ги разбра мислите нивни, рече: »Зошто мислите лошо во срцата ваши? Или, што е полесно? Да кажам: ‚Ти се простуваат гревовите твои!‘ или да кажам: ‚Стани и оди!‘? Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови.« Тогаш му рече на фатениот: »Стани, земи си ја постелата и оди си дома!« И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома. А народот, кога го виде тоа, се зачуди и Го прослави Бога, Кој им дал таква власт на луѓето. А кога си одеше оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи на митница, и му рече: »Врви по Мене!« И тој стана и тргна по Него. И кога седеше Исус на трпеза дома, одеднаш мнозина митници и грешници дојдоа и седнаа до Него и до учениците Негови. Но, штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на учениците Негови: »Зошто вашиот Учител јаде и пие со митници и грешници?« А Исус, кога го чу тоа, им рече: »Здравите немаат нужда од лекар, а болните; одете и научете се што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците, на покајание.« Тогаш дојдоа при Него учениците Јованови и рекоа: »Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат!« А Исус им рече: »Зар можат сватовите да бидат нажалени додека е со нив младоженецот? Но ќе дојдат дни, кога младоженецот ќе се оттргне од нив, па тогаш и тие ќе постат. Зашто никој од нив не крпи стара облека со нова крпа, оти таа ќе се отшие од старото и отворот ќе биде поголем; ниту, пак, се става ново вино во стари мевови; инаку, мевовите ќе напукаат, и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат; туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото.« Додека Он им говореше за тоа, ете некаков началник се приближи до Него, Му се клањаше и велеше: »Ќерка ми умре сега; туку дојди, положи ја раката Своја над неа и таа ќе оживее.« И како стана Исус, тргна по него, заедно со учениците свои. И ете, една жена, која беше страдала дванаесет години од крвотечение, се приближи одзади и се допре до крајот на облеката Негова. Зашто си велеше: »Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам.« А Исус, штом се заврте и ја виде, рече: »Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси!« И оздраве жената во тој час. И кога дојде Исус во куќата на началникот и ги виде свирачите и народот збунети, им рече: »Излезете надвор, зашто девојката не е умрена, туку спие.« А тие Му се потсмеваа. Но штом го истера народот, Он влезе, ја фати момата за рака и таа стана. И се расчу тоа по целиот тој крај. А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по Него двајца слепи и викаа: »Помилуј нѐ, Исусе, сине Давидов!« А штом дојде в куќи, слепците се приближија до Него. И Исус им рече: »Верувате ли дека можам да го направам тоа?« Тие му рекоа: »Да, Господи!« Тогаш се допре до очите нивни и рече: »Нека ви биде според верата ваша!« И очите им се отворија; а Исус им заповеда строго: »Гледајте никој да не узнае!« А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја. Додека тие излегуваа, ете, доведоа при Него еден човек нем и бесен. По изгонувањето на бесот, немиот проговори. А народот се чудеше и говореше: »Никогаш такво нешто не станало во Израилот!« А фарисеите велеа: »Он ги изгонува бесовите со силата на началникот на ѓаволите.« И одеше Исус по сите градови и села, и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот. А штом виде многу народ, се сожали, зашто беа изморени и прснати како овци без пастир. Тогаш им рече на своите ученици: »Жетвата е голема, а работници малку; затоа помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва.« И кога ги повика Своите дванаесет ученици, им даде власт над нечистите духови, да ги изгонуваат и да лекуваат секаква болест и секаква немоќ. А имињата на дванаесетте апостоли се овие: првиот Симон, наречен Петар, и Андреј, брат негов; Јаков Зеведеев и Јован, братот негов; Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј митникот, Јаков Алфеев и Левиј, наречен Тадеј, Симон Кананит и Јуда Искариот, кој и Го предаде. Тие дванаесет души ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: »По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте; а одете највеќе при загубените овци на Израилевиот дом; И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно; болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте! Не носете во појасите ваши ни злато, ни сребро, ниту бакар, ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата награда! А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен и таму останете, додека не си отидете. И кога ќе влезете во некоја куќа, поздравете ја говорејќи: ‚Нека е мир на таа куќа!‘ И ако куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир нека се врати при вас! Ако, пак, негде не ве примат и не ги послушаат зборовите ваши, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши! Вистина ви велам: полесно ќе ѝ биде на земјата Содомска и Гоморска во судниот ден отколку на тој град. Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и незлобни како гулаби. Пазете се од луѓето, зашто тие ќе ве предадат на судовите, и по синагогите нивни ќе ве бијат. И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабошците. Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете; бидејќи не сте вие што ќе говорите, а Духот на вашиот Отец ќе говори во вас. И ќе предаде брат брата си на смрт, и татко чедото свое; и ќе станат деца против родителите и ќе ги убијат; и ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но, кој претрпи до крај, ќе биде спасен. Ако ве падат од еден град, бегајте во друг. Зашто, вистина, ви велам: нема да ги обиколите Израилевите градови, додека дојде Синот Човечки. Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга – поголем од својот господар; доста е за ученикот да биде како неговиот учител и на слугата да биде како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекле Велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни? И така, не плашете се од нив; зашто нема ништо сокриено, што не ќе се открие, или тајно, а да не се узнае. Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што го слушате на увото, разгласувајте го од покривите! И не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку бојте се повеќе од Оној, Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот! Не се продаваат ли две врапчиња за еден асариј? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец. А вам и влакната на главата ви се изброени. Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња. И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен. Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч. Зашто дојдов да разделам човек од татка си, и ќерка од мајка си, и снаа од свекрвата нејзина. И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни. Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Кој ќе ја запази душата своја, ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене, ќе ја зачува. Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил. Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда. И кој напои еден од овие мали само со чаша студена вода како Мој ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.« И кога ги заврши Исус овие заповеди кон дванаесетте Свои ученици, замина оттаму за да поучува и да проповеда по нивните градови. А Јован штом чу во затворот за Христовите дела, испрати двајца свои ученици, и Му рече: »Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?« Исус им одговори и рече: »Одете и кажете му на Јована што слушате и што гледате: слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието; и блажен е оној, што не се соблазнува заради Мене.« А кога си отидоа овие, Исус почна да му зборува на народот за Јована: »Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветрот? Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што носат меки алишта, по царски палати се. Па, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк. Зашто тој е за кого е напишано: ‚Ете, Јас го праќам Мојот ангел пред лицето Твое; тој ќе го приготви патот Твој пред Тебе‘. Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител; но најмалиот во царството небесно е поголем од него. А од деновите на Јована Крстител па досега, царството небесно насила се зема и силните го грабаат, зашто сите Пророци и Законот беа пророкувале до Јована. И, ако сакате да примите, тој е Илија, кој што ќе дојде. Кој има уши да слуша, нека чуе!« »А со кого да го споредам овој род? Тој личи на деца што седат по пазариштата, па им викаат на своите другари и велат: ‚Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте.‘ Оти дојде Јован, кој не јаде, ниту пие, а велат: ‚Бес има.‘ Дојде Синот Човечки, Кој и јаде и пие, и велат: ‚Еве човек ненаситен и пијаница, пријател на митниците и грешниците.‘ И се оправда Премудроста со своите дела.« Тогаш почна Исус да ги укорува градовите, во кои се извршија Негови чудеса најмногу, бидејќи не се покааја. »Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Ако во Тир и Сидон беа чудесата, што станаа при вас, тие одамна би се покајале во кострет и пепел; но ви велам: на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во судниот ден отколку вам. И ти, Капернауме, што си се воздигнал до небото, до пеколот ќе слезеш; зашто, ако во Содом се беа извршиле чудесата што станаа во тебе, тој и до ден денес ќе останеше. Но ви велам, дека на земјата Содомска ќе ѝ биде полесно на страшниот суд, отколку тебе.« Во тоа време, откако продолжи Исус, рече: »Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил тоа од мудрите и разумните, и си го открил на младенците. Да, Оче, зашто таква беше волјата Твоја. Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие. Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.« Во тоа време, една сабота, Исус минуваше преку нивјето, а учениците Негови огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат. Фарисеите, штом го видоа тоа, Му рекоа: »Ете, учениците Твои прават, што не треба да се прави во сабота.« А Он им рече: »Не сте ли читале што направи Давид, кога сам тој огладне и оние што беа со него? Како влезе во домот Божји, ги изеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде ни тој, ниту оние што беа со него, а само свештениците. Или, не сте ли читале во Законот дека во саботен ден свештениците ја нарушуваат саботата и пак не се виновни? Но Јас ви велам дека е тука Оној, Кој е поголем од храмот; и, ако знаевте што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудите невините; зашто Синот Човечки е господар и на саботата.« И како отиде оттаму, дојде во синагогата нивна. И ете, таму беше еден човек, кој имаше исушена рака. И за да Го обвинат, Го прашаа Исуса: »Бива ли во сабота да се лекува?« А Он им рече: »Кој е тој од вас, ако има една овца и таа падне во саботен ден во јама, што не ќе ја прифати и извади? А колку, пак, човекот е поскап од една овца? И така, во сабота е позволено да се прави добро.« Тогаш му рече на човекот: »Протегни ја раката!« И тој ја протегна. И таа стана здрава како другата. А фарисеите, штом излегоа, се договорија како да Го погубат. Но Исус, кога разбра, се оддалечи оттаму. И тргна по Него многу народ и Он ги исцели сите; и им забрани да разгласуваат за Него; за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: »Ете Го слугата Мој, Кого Го избрав, Мојот возљубен, што е по волјата на Мојата душа. Ќе го положам Духот свој над Него и на народите ќе им објави суд; нема да се кара, ниту ќе вика, и никој нема да го чуе гласот Негов по раскрсниците. Трските прекршени нема да ги докрши, ниту запалените светила ќе ги угасне, дури не го изведе судот кон победа. И во Неговото име народите ќе се надеваат.« Тогаш доведоа при Него еден бесен, кој беше слеп и нем; и го излекува, така што слепонемиот прогледа и проговори. И сиот народ се чудеше и велеше: »Не е ли Овој Христос, синот Давидов?« А фарисеите, штом го чуја тоа, рекоа: »Он не ги истерува бесовите по друг начин освен преку Велзевула, началникот на ѓаволите.« Но Исус, знаејќи ги нивните помисли, им рече: »Секое царство, ако се раздели, запустува; и секој град или дом, ако се раздели на противни групи, ќе пропадне. И, ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил сам против себе; тогаш како може да се запази царството негово? И ако Јас истерувам бесови преку Велзевула, а синовите ваши преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии. Ако, пак, Јас истерувам бесови со Духот Божји, тоа значи дека дошло царството Божјо до вас. Или, како може да влезе некој во куќата на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот и тогаш да му ја ограби куќата? Кој не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, тој растура. Затоа ви велам, секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето. И, ако некој каже збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но, ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости ни на овој, ни на оној свет. Или, ако насадите добро дрво и плодот ќе му биде добар; а ако насадите лошо дрво и плодот ќе му биде лош; зашто по плодот се познава дрвото. Породи змиини! Како можете да говорите добро, кога сте лоши? Зашто од преполнето срце прикажува устата. Добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште – лошо. И ви велам, дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; оти по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден.« Тогаш некои од книжниците и фарисеите одговорија и рекоа: »Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе.« А Он им одговори и рече: »Лукав и прељуботворен род бара знак; но нема да му се даде знак освен знакот на пророкот Јона; оти, како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи. Ниневијците ќе излезат на суд со овој род и ќе го осудат, зашто тие се покааја од проповедта на Јона; а ете, тука е поголем од Јона. И царицата јужна ќе излезе на суд со овој род и ќе го осуди; зашто таа дојде од крај земја за да ја чуе мудроста на Соломона; но, ете, тука е многу поголем од Соломона. Кога нечистиот дух ќе излезе од човека, минува преку безводни места, барајќи спокој и не го наоѓа; па ќе рече тогаш: ‚Да се вратам во мојот дом, од каде што излегов.‘ И штом дојде, го наоѓа празен, изметен и уреден; тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овој пакостен род.« Додека му зборуваше на народот, мајка Му и браќата Негови стоеја надвор и сакаа да зборуваат со Него. Некој Му кажа: »Ете, мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.« Он му одговори на оној што Му зборуваше и рече: »Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?« И како покажа со рака на учениците Свои, рече: »Еве ја Мојата мајка и еве ги Моите браќа. Зашто кој ја исполнува волјата на Мојот небесен Отец, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.« И како излезе Исус тој ден од куќата, седна покрај морето. И се собра околу Него многу народ, така што Он влезе во кораб и седна, а целиот народ стоеше на брегот. И им говореше многу во параболи, велејќи: »Ете, излезе сејач да сее; и кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот, долетаа птици и ги исколваа. Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу проникнаа, оти земјата не беше длабока. Но, штом изгреа сонцето, тие свенаа, па, како да немаа корен, се исушија. Некои паднаа во трње и израсна трњето и ги задуши. Други паднаа на добра земја и дадоа добар плод: едно сто, друго шеесет, а друго триесет. Кој има уши да слуша, нека чуе!« И кога се приближија до Него учениците, Му рекоа: »Зошто во параболи им зборуваш?« А Он им одговори и рече: »Зашто вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено. Оти, кој има ќе му се даде и ќе му се преумножи; а кој нема, ќе му се земе и она што го има; Затоа им зборувам во параболи, оти гледаат и не виѓаваат; слушаат и не чујат, ниту, пак, разбираат; и над нив се исполнува пророкувањето на Исаија, кое вели: ‚Со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видите; срцето на овие луѓе закоравело, и со ушите тешко слушаат; и ги затвориле очите свои да не би некогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат, та да не се покајат и да не ги исцелам.‘ Вашите, пак, очи се блажени, оти гледаат, и ушите ваши – бидејќи слушаат; зашто, вистина, ви велам: многу пророци и праведници сакаа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја. Вие, пак, чујте ја параболата за сејачот: при секого, што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа лукавиот и го граби посеаното во срцето негово; ете, тоа означува посеаното покрај патот. А посеаното на камен е оној, што го слуша словото и веднаш со радост го прима; но нема во себе корен и е непостојан: настане ли жалост или гонење заради словото, веднаш се соблазнува. Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша словото, но грижите од овој свет и примамливото богатство го задушуваат словото и тоа останува без род. А посеаното на добра земја е оној, што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а друг триесет.« И друга парабола им кажа, велејќи: »Царството небесно прилега на човек, што посеал добро семе на својата нива; но, кога спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеа меѓу житото какол, па си отиде. А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот. И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: ‚Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа?‘ А он им рече: ‚Човек непријател го прави тоа.‘ Слугите, пак, му рекоа: ‚Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?‘ Но тој им рече: ‚Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито; оставете нека расте и едното и другото заедно, до жетвата; а по жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори; а житото приберете го во мојата житница‘.« И друга парабола им кажа, кога рече: »Царството небесно прилега на зрно синапово, кое човек го зема и посеа на нивата своја; тоа е најмало од сите семиња, но, кога ќе израсне, поголемо е од сите растенија, па станува дури и дрво – така што птиците небески долетуваат и застануваат на неговите гранки.« И друга парабола им кажа: »Царството небесно прилега на квас, што го зема жена и го клава во три мери брашно, дури не скисне сето.« Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи и без приказни не им говореше ништо; за да се исполни реченото преку пророкот кој вели: »Со параболи ќе ја отворам устата Своја; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот«. Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа. А учениците се приближија до Него и Му рекоа: »Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата!« А Он им одговори и рече: »Сејачот на доброто семе е Синот Човечки; нивата е овој свет; доброто семе, тоа се синовите на царството, а каколот – синовите на лукавиот; непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот; жетвата е свршетокот на светот, а жетварите се ангелите. И така, како што се собира плевата и се гори во оган, така ќе биде и при свршетокот на овој свет; ќе испрати Синот Човечки Свои ангели и ќе ги соберат сите соблазни од Неговото царство, и оние што вршат незаконски дела, и ќе ги фрлат во жарена печка; таму ќе биде плач и крцкање со заби. Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе! Царството небесно прилега уште и на драгоценост, сокриена во нива, која ја нашол човек и прикрил, па, од радост за неа, отишол и продал сѐ што имал, и ја купил таа нива. Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува. Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби: и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат. Така ќе биде и при свршетокот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните, и ќе ги фрлат во вжарена печка: таму ќе биде плач и крцкање со заби.« И ги праша Исус: »Дали го разбравте сево ова?« Тие Му одговорија: »Да, Господи!« А Он им рече: »Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо.« И, откако ги кажа Исус овие параболи, си замина оттаму. А штом дојде во својот роден крај, го поучуваше народот во синагогите нивни. И сите се чудеа и велеа: »Од каде при Него ваква премудрост и сили? Не е ли Овој син на дрводелецот? Мајка Му не се ли вика Марија, и браќата негови – Јаков и Јосија, Симон и Јуда? И сестрите Негови не се ли сите меѓу нас? Од каде, пак, сето тоа при Него?« И се соблазнија заради Него. А Исус им рече: »Нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов.« И не изврши таму многу чудеса заради нивното неверување. Во тоа време гласот за Исуса дојде и до Ирода, четворовласникот; и им рече на своите потчинети: »Тоа е Јован Крстител; тој воскреснал, па затоа и стануваат чудеса преку него.« Зашто Ирод, кога го фати Јована, го врза и го фрли во затвор заради Иродијада, жената на брата му Филипа; бидејќи Јован му велеше: »Не бива да е твоја!« И сакаше да го убие, но се боеше од народот, оти го сметаа за пророк. И кога беше родениот ден на Ирода, ќерката Иродијадина играше пред гостите и му угоди на Ирода; затоа, тој со клетва ѝ вети дека ќе ѝ даде што и да побара. И таа, научена од мајка си, рече: »Дај ми ја овде на табла главата на Јована Крстител!« И се загрижи царот; но заради клетвата и гостите свои, нареди да ѝ ја дадат. Па прати, та ја отсекоа главата на Јована во затворот. И ја донесоа главата негова на табла и ѝ ја дадоа на девојката, а таа ја однесе на мајка си. Учениците, пак, негови, како дојдоа, го дигнаа неговото тело и го погребаа; па отидоа и Му јавија на Исуса. Штом го чу тоа Исус, замина оттаму на кораб, во пусто место, Сам; а народот, штом узна за тоа, тргна по Него пеш од градовите. И кога излезе Исус, виде многу свет; и се смили над нив и ги излекува нивните болни. А на стемнување се приближија до Него учениците Негови и рекоа: »Овде е местово пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да отиде по селата и да си купи храна.« Но Исус им рече: »Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!« А тие Му рекоа: »Ние имаме само пет лебови и две риби.« Он им рече: »Донесете Ми ги тука!« И како му заповеда на народот да седне по тревата, ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови и како ги прекрши, ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот. И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња. А оние што јадеа, беа околу пет илјади души, освен жените и децата. И веднаш ги покани Исус учениците Свои да влезат во кораб и да минат на другата страна пред Него, дури да го распушти народот. Па штом го распушти народот, Он се искачи на планината, за да се помоли насамо. И таа вечер остана таму Сам. А коработ беше веќе на сред море и брановите го удираа, зашто ветрот беше спротивен. Но на четвртата стража, преку ноќта, дојде Исус при нив, одејќи по морето. А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: »Тоа е привидение« и од страв извикаа. Но Исус веднаш почна да зборува со нив и им рече: »Не бојте се! Јас сум, не плашете се!« А Петар, одговарајќи Му, рече: »Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе во водата!« И Исус му рече: »Дојди!« Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за да оди при Исуса; но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да потонува и извика: »Господи, спаси ме!« Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: »Маловернику, зошто се посомнева?« И кога влегоа во коработ, ветрот престана. А оние, што беа во коработ, се приближија до Него, Му се поклонија и рекоа: »Навистина, Ти си Син Божји!« Па откако преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска. Луѓето од тоа место, штом Го познаа, разгласија по целата таа околија и ги донесоа при Него сите болни. И Го молеа да се допрат барем до крајот од Неговата облека; и тие, штом се допираа, се излекуваа. Тогаш, пристапија кон Исуса ерусалимските книжници и фарисеи, велејќи: Зошто учениците Твои не го запазуваат преданието на старите? Оти не си ги мијат рацете, кога јадат леб? А Он им одговори и рече: »Па зошто и вие ја престапувате Божјата заповед заради вашето предание? Зашто Бог заповедал и рекол: ‚почитувај ги татка си и мајка си‘ и ‚кој го злослови таткото свој или мајка си, со смрт да се казни‘. А вие велите: ако некој му рече на татка си или на мајка си: она, со што би можел да се ползуваш од мене, дар е; значи, тој може да не го почитува својот татко или својата мајка. Така ја нарушивте заповедта Божја заради вашето предание. Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи: ‚Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене; но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби‘.« И како ги повика луѓето, им рече: »Слушајте и разберете: не она, што влегува во устата, го осквернува човекот, а она што излегува од устата, тоа го осквернува човекот.« Тогаш Неговите ученици Му се приближија и рекоа: »Знаеш ли дека фарисеите, штом го чуја тој збор, се соблазнија?« А Он, одговарајќи им, рече: »Секоја садница, што не ја насадил Мојот Отец небесен, ќе се искорне; оставете ги: тие се слепи водачи на слепци: а кога слепец води слепец, обата ќе паднат во јама.« Петар, пак, Му одговори и рече: »Објасни ни ја оваа парабола.« А Исус им рече: »Ама вие, уште ли не сфаќате? Уште ли не разбирате дека сѐ што влегува во устата, минува преку стомакот и се исфрлува надвор? А она, што излегува од устата, иде од срцето и тоа е што го осквернува човекот; Оти од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули; тоа го осквернува човекот. А јадењето со неизмиени раце не го осквернува човекот.« И кога излезе оттаму Исус, замина во земјата Тирска и Сидонска. И ете, една жена Хананејка, како излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: »Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко се мачи од бес.« Но Он не ѝ одврати ниту збор. И пристапувајќи до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: »Отпушти ја, оти вика по нас.« А Он одговори и рече: »Јас сум пратен само при загубените овци на домот Израилев.« Но таа, кога пристапи, Му се клањаше и велеше: »Господи, помогни ми!« А Он, одговарајќи ѝ рече: »Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.« Но таа Му рече: »Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари.« Тогаш Исус одговори и рече: »О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!« И во тој час оздраве ќерката нејзина. Штом замина оттаму, дојде Исус при морето Галилејско, се искачи во гората и седна таму. И дојде при Него многу народ, кој имаше со себе хроми, слепи, неми, фатени и многу други, и ги положија пред нозете на Исуса, и Он ги исцели така, што народот се восхитуваше, гледајќи како неми зборуваат, фатени оздравуваат, хроми се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израилев. А Исус, кога ги повика учениците Свои, рече: »Жал ми е за луѓето, оти три дена веќе стојат при Мене и немаат што да јадат; да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по патот.« Но учениците Негови Му рекоа: »Каде ќе земеме толку леб во пустинава, за да нахраниме толку народ?« Исус ги праша: »Колку лебови имате?« А тие одговорија: »Седум и неколку риби.« Тогаш му заповеда Исус на народот да поседне по земјата. И како ги зеде седумте лебови и рибите, благодари, ги прекрши и им ги даде на учениците Свои, а учениците – на народот. И јадеа сите и се наситија; и кренаа останати парчиња седум полни кошници. А оние што јадеа, беа четири илјади души, освен жените и децата. Па, штом го распушти народот, влезе во кораб и пристигна во пределите Магдалски. Тогаш, пристапија кон Исуса фарисеите и садукеите и, искушувајќи Го, побараа да им покаже чудо од небото. Он, одговарајќи им, рече: »Навечер, велите: ќе биде ведро, оти небото е црвено; а наутро: денес ќе има невреме, зашто небото е матно. Лицемери, изгледот на небото можете да го распознавате, а знаците на времињата не можете? Род лукав и прељуботворен бара знак, но знак нема да му се даде освен знакот на пророкот Јона.« Па како ги остави, си замина. И преоѓајќи на спротивната страна, учениците Негови заборавија да земат леб. Исус им рече: »Внимавајте и чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!« А тие помислија во себе и си рекоа: »Тоа е што не зедовме леб?« Но Исус ги разбра и им рече: »Маловерни, зошто мислите во себе дека не сте зеле леб? Уште ли не разбирате и не помните ли за петте лебови на пет илјади души, и колку кошеви собравте? Ниту за седумте лебови на четири илјади души, и колку кошници собравте? Како не разбирате дека не за леб ви реков: ‚Чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!‘« Тогаш разбраа дека Он им беше рекол да се пазат не од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско. И кога дојде Исус во земјата на Ќесарија Филипова, ги праша учениците Свои и рече: »За кого Ме мислат луѓето – Мене, Синот Човечки?« Тие одговорија: »Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои за Јеремија или за еден од пророците.« А Он им рече: »А вие, за кого Ме мислите?« Симон Петар одговори и рече: »Ти си Христос, Синот на живиот Бог.« Тогаш Исус му одговори и рече: »Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата. А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата.« Тогаш Исус им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому, оти е Он Исус Христос. Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Он треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне. А Петар, како Го повлече настрана, почна да Му говори, зборувајќи: »Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!« Но Он се заврте и му рече на Петра: »Бегај од Мене, сатано! Ти си ми соблазан, оти мислиш не за она, што е Божјо, а за она, што е човечко!« Тогаш Исус им рече на учениците Свои: »Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене; зашто, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби својата душа заради Мене, ќе ја најде: оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде на секој според делата негови. Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт дури не Го видат Синот Човечки како оди во царството Свое.« А по шест дни ги зеде Исус со Себе Петра, Јакова и брата му Јована, и ги изведе во висока гора сами; и се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина. И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Него. Тогаш Петар Му одговори на Исуса и рече: »Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија.« Додека уште говореше тој, ете, ги засени светол облак; и се чу глас од облакот, кој велеше: »Овој е Мојот Возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!« И кога го чуја тоа учениците, паднаа ничкум и многу се уплашија. Но Исус, штом се приближи, се допре до нив и им рече: »Станете и не бојте се!« А тие, кога ги подигнаа очите, не видоа некој друг освен Исуса. А кога слегуваа од планината, Исус им заповеда и рече: »Никому не кажувајте што видовте, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите!« Потоа учениците Негови Го прашаа, говорејќи: »Зошто, пак, книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?« Исус им одговори и рече: »Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ; но ви велам дека Илија веќе дојде и не го познаа, туку му направија како што сакаа; така и Синот Човечки ќе пострада од нив.« Тогаш учениците разбраа, дека Он им зборува за Јована Крстител. Кога дојдоа при народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена и рече: »Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нов месец го фаќа бес и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода; го одведов при Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.« А Исус одговори и рече: »О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!« И му нареди Исус на бесот и тој излезе од момчето; и тоа оздраве во тој час. Тогаш учениците пристапија кон Исуса насамо и Му рекоа: »Зошто не можевме ние да го истераме?« А Исус им рече: »Заради вашето неверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: ‚Премести се одовде таму?‘ и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно. Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост.« А кога беа во Галилеја, Исус им рече: »Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.« И тие многу се нажалија. А кога пристигнаа во Капернаум, се приближија до Петра оние, што собираа дидрахми и му рекоа: »Учителот ваш не плаќа ли дидрахми?« Тој одговори: »Плаќа.« И кога влезе дома, Исус го испревари и рече: »Како ти се чини, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок? Од своите синови или од туѓи?« Петар Му одговори: »Од туѓите.« Исус му рече: »Значи, синовите не плаќаат; но, за да не ги соблазниме, отиди до морето, фрли јадица и првата риба, што ќе се улови, земи ја; и, кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и подај им го за Мене и за себе!« Во тој час се приближија учениците до Исуса и рекоа: »Кој е поголем во царството небесно?« И како повика Исус едно дете, го постави меѓу нив и им рече: »Вистина ви велам, ако не се повратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно: кој, пак, ќе се смири како ова дете, тој е поголем во царството небесно; и, кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој соблазни едно од овие мали, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина. Тешко му на светот од соблазни, оти соблазните треба да дојдат; но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната. Ако те соблазнува раката твоја или ногата твоја, отсечи ја и фрли ја од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот без рака или без нога, отколку со двете раце и двете нозе да бидеш фрлен во вечниот оган; и ако те соблазнува окото твое, извади го и фрли го од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око, отколку да ги имаш и двете очи, а да бидеш фрлен во геената огнена. Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец небесен. Оти Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното. Како ви се чини? Ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте в планина и да појде да ја бара загубената овца? Па, ако се случи да ја најде, вистина ви велам, ќе се радува за неа повеќе отколку за деведесет и деветте загубени. Така и вашиот Отец небесен не сака да загине ниедно од овие, маливе. Ако згреши против тебе братот твој, оди и искарај го насамо; ако те послуша, си го придобил брата си; ако ли не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор; ако ли, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на црквата; па, ако и црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и митник. Вистина ви велам: сѐ што сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и сѐ што разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото. Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата да помолат нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мојот Отец небесен; зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив.« Тогаш Петар пристапи кон Него и рече: »Господи, колкупати да му простам на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?« Исус му одговори: »Не ти велам до седум, туку до седумдесет пати по седум.« »Затоа царството небесно прилега на цар, кој побарал да ја расчисти сметката со своите слуги. Кога почна да ја расчистува сметката, доведоа при него еден што му должеше десет илјади таланти; па, бидејќи немаше со што да плати, господарот негов нареди да го продадат него, и жена му, и децата негови, и сѐ што имаше, за да наплати. Тогаш тој слуга падна пред него на колена и му се клањаше говорејќи: ‚Господаре, стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти платам.‘ А Господарот на тој слуга, кога се смилува, го пушти и му го прости долгот. Слугата, пак, штом излезе, најде еден од другарите свои, кој му должеше сто динарии, и кога го фати, го давеше и му велеше: ‚Исплати ми што ми должиш!‘ Тогаш неговиот другар падна ничкум пред нозете негови, го молеше и велеше: ‚Стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти исплатам!‘ Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, дури не му го исплати долгот. Другарите, пак, негови, кога го видоа тоа што стана, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сѐ што се случи. Тогаш господарот негов го повика и рече: ‚Лукав слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше; не требаше ли и ти да се смилиш над својот другар, како што се смилив и јас над тебе?‘ И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот свој долг. Така и Мојот Отец небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце гревовите на брата си.« Кога ги заврши Исус тие зборови, тргна од Галилеја и пристигна во пределите Јудејски, отаде Јордан. По Него појде многу народ и Он ги исцели таму. И дојдоа кај Него фарисеите што Го искушуваа, па Му рекоа: »Може ли човек да ја остави жената своја за каква и да било причина?« Он им одговори и рече: »Не сте ли читале дека Оној што ги создаде во почетокот, ‚маж и жена ги создаде‘ и рече: ‚Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело.‘ Па така, тие веќе не се двајца, а едно тело. А Бог што составил, човек да не разделува.« Тие Му рекоа: »Зошто тогаш Мојсеј заповеда да ѝ даде мажот разводно писмо и да ја напушти?« Он им одговори: »Заради вашите жестоки срца Мојсеј ви разрешил да ги оставате жените свои; но во почетокот не беше така. Јас, пак, ви велам: оној што ќе ја остави својата жена, освен поради прељуба, и се ожени со друга, тој прави прељуба; и оној, што ќе се ожени со напуштена, прељубодејствува.« А учениците Негови Му рекоа: »Ако е таков долгот на човекот кон жената, тогаш не треба ни да се жени?« Но Он рече: »Не сите го примаат овој збор, а само оние, на кои им е дадено; зашто има скопени, така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе, но има и такви што се скопени само заради царството небесно. Кој може да прими, нека прими.« Тогаш доведоа при Него деца за да ги положи рацете над нив и да се помоли, а учениците им бранеа. Но Исус рече: »Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е царството небесно.« И кога ги положи рацете над нив, Исус си отиде оттаму. И ете, еден човек, кога пристапи до Него, Му рече: »Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?« А Он му одговори: »Зошто Ме наречуваш добар? Никој не е добар освен единиот Бог. А ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите.« Тој Му рече: »Кои?« А Исус одговори: »Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно; почитувај ги татка си и мајка си; сакај ги ближните свои како себеси!« Младиот човек Му рече: »Сето тоа сум го запазил од младини; што ми е уште потребно?« Исус му кажа: »Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!« Штом ги чу младиот човек тие зборови, си отиде нажален, оти имаше голем имот. А Исус им рече на учениците Свои: »Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно; и уште ви велам: полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.« Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: »Тогаш кој може да се спаси?« А Исус, кога погледна на нив, им рече: »За луѓето тоа не е можно, но за Бога сѐ е можно.« Тогаш Петар одговори и Му рече: »Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме: што ќе стане, пак, со нас?« А Исус им рече: »Вистина, ви велам, дека вие што врвите по Мене, при повторното раѓање, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја ќе седнете и вие над дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израилеви колена; и секој што остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен. И мнозина први ќе бидат последни, а последните први.« »Зашто царството небесно прилега на домаќин, кој излегол наутро рано да најми работници за своето лозје. Па, штом се погоди со работниците по динариј на ден, ги прати во лозјето свое. Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на пазариштето без работа, им рече: ‚Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам.‘ И тие отидоа. Пак излезе околу шестиот и деветтиот час и направи исто. А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без работа, и им рече: ‚Зошто стоите тука цел ден без работа?‘ Тие му одговорија: ‚Никој не нѐ повика.‘ А тој им рече: ‚Одете во моето лозје и, што е право, ќе добиете.‘ А кога се стемни, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ‚Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите.‘ И дојдените околу единаесеттиот час добија по динариј. А кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе; но и тие добија по динариј; и штом добија, негодуваа против господарот и велеа: ‚Оние последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тегобата на денот и жегата.‘ А тој им одговори и му рече на еден од нив: ‚Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за динариј? Земи си го своето и оди си; и на овој, последниов сакам да му дадам колку и на тебе; зар немам право да чинам со своето, што сакам? Или ти е окото завидливо, оти сум добар?‘ Така ќе бидат последните први, а првите – последни; зашто мнозина се повикани, а малцина избрани.« И кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече: »Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт, и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и биен, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне.« Тогаш пристапи до Него мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови, и клањајќи Му се, Го молеше нешто. А Он ѝ рече: »Што бараш?« Таа Му одговори: »Заповедај овие мои два сина да седнат при Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево во Твоето царство!« Исус одговори и им рече: »Не знаете што барате. Можете ли да ја пиете чашата, што ќе ја пијам Јас; или да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?« Тие Му одговорија: »Можеме.« И им рече: »Чашата Моја ќе ја пиете, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но да се седи од Мојата десна или лева страна, тоа не зависи од Мене; таму ќе седнат оние за кои е приготвено од Мојот Отец.« И десетте, штом чуја, негодуваа против двајцата браќа. Но Исус, кога ги повика, им рече: »Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга; како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.« И кога излегуваше од Ерихон, по Него врвеше многу народ. И ете, двајца слепи, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа и рекоа: »Помилуј нѐ, Господи, Сине Давидов!« А народот им заповеда да молчат; но тие уште посилно викаа и велеа: »Помилуј нѐ, Господи, Сине Давидов!« Исус застана, ги повика и рече: »Што сакате да ви направам?« Тие Му одговорија: »Да ни се отворат очите наши.« И Исус се смилува и се допре до нивните очи, и веднаш им прогледаа очите нивни; и тие тргнаа по Него. А кога наближија до Ерусалим и дојдоа во Витфагија, при Елеонската Гора, Исус испрати двајца ученици и им рече: »Отидете во селоно, што е наспроти вас, и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете Ми ги! А, ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека Му се потребни на Господа, и веднаш ќе ги прати.« А сето тоа стана за да се искаже кажаното преку пророкот, кој вели: Кажете ѝ на ќерката Сионова: ете, твојот Цар иде при тебе кроток, качен на ослица и осле, син на подјаремница. Учениците отидоа и направија така, како што им беше заповедал Исус: ги дотераа ослицата и ослето и ги кладоа одозгора алиштата свои, и Он седна на нив. А мнозина од народот ги постилаа по патот облеките свои; други, пак, сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот; а народот, што врвеше пред Него и по Него, викаше велејќи: »Осана на Синот Давидов! Благословен е Кој иде во името Господово! Осана на висините!« И кога влезе во Ерусалим, целиот град се збуни, прашувајќи: »Кој е Овој?« А народот одговараше: »Овој е Исус, пророкот од Назарет Галилејски.« И влезе Исус во храмот Божји и ги истера сите, што продаваа и купуваа во храмот, ги растури масите на менувачите и столовите на оние, што продаваа гулаби, и им рече: »Напишано е: ‚Домот Мој, дом за молитва ќе се нарече‘, а вие го направивте како разбојничка пештера.« И дојдоа при Него во храмот слепи и хроми, и Он ги излекува. А првосвештениците и книжниците, гледајќи ги чудесата што ги направи Он, и слушајќи ги децата како викаа во храмот и велеа: »Осана на Давидовиот Син!«, се расрдија, и Му рекоа: »Слушаш ли што велат тие?« А Исус им рече: »Да! Зар никогаш не сте читале: ‚Од устата на младенците и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба‘?« И кога ги остави, отиде надвор од градот, во Витанија, каде што преноќева. А утредента, враќајќи се во градот огладне; и виде покрај патот смоква, отиде до неа; па како не најде на неа ништо освен лисја, рече: »Отсега да нема плод на тебе довека!« И смоквата веднаш се исуши. Штом го видоа тоа, учениците се зачудија и рекоа: »Како веднаш се исуши смоквата!« А Исус им одговори и рече: »Вистина, ви велам: ако имате вера и не се посомните, не само тоа што стана со смоквата ќе извршите, туку, ако и на оваа планина ѝ речете: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ ќе биде. И сѐ, што и да побарате во молитва со вера, ќе добиете«. И кога дојде Он во храмот и поучуваше, пристапија кон Него првосвештениците и старешините народни и рекоа: »Со каква власт го вршиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?« А Исус им одговори и рече: »И Јас ќе ве прашам нешто. Па, ако Ми одговорите, и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам тоа. Крштавањето Јованово од каде беше: од небото или од луѓето?« А тие размислуваа помеѓу себе и велеа: »Ако кажеме – ‚Од небото‘, ќе ни рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘ А ако речеме: – ‚Од луѓето‘, се боиме од народот, оти сите го сметаа за пророк.« И, одговарајќи Му на Исуса, рекоа: »Не знаеме.« А Он им рече: »Ни Јас не ви кажувам со каква власт го вршам тоа.« »А како ви се чини ова? Еден човек имаше два сина; па отиде при првиот и му рече: ‚Сине, оди денес да работиш во моето лозје!‘ Тој одговори и рече: ‚Нејќам!‘ Но потоа се покаја и отиде. Па како дојде и при вториот, му го рече истото. Тој одговори и рече: ‚Ќе отидам, господаре‘. Но не отиде. Кој од двајцата ја исполни татковата волја?« Му одговорија: »Првиот«. Тогаш Исус им рече: »Вистина ви велам, дека митниците и блудниците ќе ве испреварат во царството Божјо: зашто дојде при вас Јован по праведен пат и вие не му поверувавте, а митниците и блудниците му поверуваа; вие, пак, иако видовте, не се покајавте отпосле, за да му поверувате.« »Чујте друга парабола! Имаше еден човек домаќин, кој насади лозје, го загради со плот, ископа бунар, направи кула и, откако го предаде на лозарите, си отиде. И кога наближи времето за берење, тој ги испрати при лозарите своите слуги, за да му ги приберат плодовите. Но лозарите, кога ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа. Тој испрати сега други слуги, повеќе од првите; но и со нив направија исто. Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: ‚Ќе се засрамат од сина ми.‘ Но лозарите, штом го видоа сина му, си рекоа меѓу себе: ‚Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово.‘ Па, како го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија. А кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?« Му одговорија: »Злочинците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари, што ќе му ги даваат плодовите навреме.« А Исус им рече: »Зар не сте читале во Книгите: ‚Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот: Тоа е од Господа и чудесно е во очите наши.‘ Затоа ви велам дека царството Божјо ќе се земе од вас и ќе се даде на народ, што ги принесува неговите плодови. И кој падне врз тој камен, ќе се разбие; а тој врз кого падне, ќе го здроби.« И слушајќи ги Неговите параболи, првосвештениците и фарисеите разбраа дека говори за нив, па гледаа да го фатат; но се плашеа од народот, зашто Го сметаа за пророк. И одговарајќи, Исус пак им говореше во параболи и рече: »Царството небесно прилега на човек цар, кој направи свадба на сина си, и ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие нејќеа да дојдат. Потоа испрати други слуги и им рече: кажете им на поканетите: ‚Ете, приготвив јадење; јунците мои и сѐ што е угоено се заклани, и сѐ е готово; дојдете на свадба!‘ Но тие не сакаа да знаат за тоа, а си отидоа: кој на нива, кој по трговија; а некои, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмеаја и ги убија. Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град. Тогаш им рече на слугите свои: ‚Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни. Затоа одете по раскрсниците и, колку души ќе најдете, поканете ги на свадба!‘ И како излегоа слугите на раскрсниците, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости. Кога влезе, пак, царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. Па му рече: ‚Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?‘ А тој молчеше. Тогаш царот им рече на слугите: ‚Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби; зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани‘.« Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат во некој збор. И ги испраќаа при Него своите ученици, заедно со некои Иродовци, говорејќи: »Учителе, знаеме дека си правичен и навистина ги учиш луѓето на патот Божји, и не се боиш ни од кого, зашто не гледаш кој е кој; затоа кажи ни, како Ти се чини: треба ли да се дава данок на царот или не?« Но Исус го разбра лукавството нивно и рече: »Што Ме искушувате, лицемери? Покажете Ми една даночна пара!« Тие Му донесоа еден динариј. И им рече: »Чиј е овој лик и натпис?« Тие одговорија: »На царот.« Тогаш им рече: »Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!« И штом го чуја тоа, тие се зачудија и, оставајќи Го, си отидоа. Во истиот ден пристапија кон Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа, говорејќи: »Учителе, Мојсеј рече: ‚Ако умре некој без деца, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го воздигне потомството на брата си!‘ При нас беа седуммина браќа; првиот се ожени и умре; па, бидејќи немаше пород, ја остави жената своја на брата си; исто така направи и вториот, и третиот, дури и седмиот; а по сите нив умре и жената. При воскресението, на кого од седуммината ќе биде таа жена, бидејќи со сите живеела?« Исус им одговори: »Се лажете, оти не ги познавате Писмата, ниту силата Божја; зашто при воскресението луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, а ќе живеат како ангели Божји на небесата. А за воскресението на мртвите не сте ли читале, што ви рекол Бог, Кој вели: ‚Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов‘. Бог не е Бог на мртвите, туку на живите.« И народот, слушајќи го тоа, се восхитуваше на неговата наука. А фарисеите, кога чуја дека ги посрами садукеите, се здружија со нив. И еден од нив, законик, искушувајќи Го, запраша и рече: Учителе, која заповед е најголема во Законот? А Исус му одговори: »Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси! На тие две заповеди се крепат целиот Закон и Пророците.« И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша и рече: Што мислите за Христа? Чиј е син? Му одговорија: Давидов. Им рече: »Како тогаш Давид, надахнат од Духот, Го нарече Господ, велејќи: ‚Му рече Господ на Мојот Господ: Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘ И така, ако Давид Го нарече Господ, како тогаш да Му е Он син?« И никој не можеше да му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша. Тогаш Исус му проповедаше на народот и на учениците Свои, говорејќи: »На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите. Затоа, сѐ што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, оти тие говорат, а не извршуваат; врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат; и сите свои дела ги прават, за да ги видат луѓето; ги истакнуваат своите записи од законот и прават големи поли на својата облека; сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите, и поздрави по улиците, и да им велат луѓето ‚учителе, учителе!‘ А вие, немојте да се наречувате учители, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сте сите браќа; и никого на земјата не викајте го свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата; и наставници немојте да се именувате зашто, еден е вашиот Наставник – Христос. Но поголемиот меѓу вас да ви биде слуга; зашто, кој се воздига, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; оти, нити вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние, што сакаат да влезат. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти ги подјадувате домовите на вдовиците и лицемерно долго се молите; заради тоа ќе добиете поголема осуда. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто обиколувате по море и по копно за да добиете еден последовател, и кога ќе успеете во тоа, тогаш го правите син на пеколот, двапати полош од вас. Тешко вам, водачи слепи, кои велите: ‚Ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во црковното злато, виновен е.‘ Безумни и слепи! Што е поголемо, навистина: златото или црквата, која го осветува златото? Исто така велите: ‚Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.‘ Безумни и слепи! Што е, навистина, посвето: дарот или жртвеникот, што го осветува дарот? А кој се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него; и кој се заколне во црквата, се колне во неа и во Оној, Кој живее во неа; и кој се заколне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној, што седи на него. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти давате десеток од нане, копра и кимин, а сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате. Водачи слепи, вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ја чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и неправда. Слепи фарисеју, очисти ја чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија; така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти ѕидате гробници за пророците и ги украсувате спомениците на праведните, па велите: ‚Ако живеевме во дните на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на пророците‘. А со тоа сведочите сами против себе, дека сте синови на оние, што ги убиле пророците. Дополнете ја и вие мерата на татковците ваши. Змии и породи аспидини, како ќе побегнете од пресудата за во пеколот? Затоа, ете, Јас праќам при вас пророци и мудреци и книжници; едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги биете по синагогите и ќе ги прогонувате од град во град; за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел па до крвта на Захарија, синот Варахиин, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот. Вистина, ви велам: сето тоа ќе падне врз овој род. Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените при тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како кокошка што ги собира пилињата свои под крилја, а вие нејќевте. Ете, ви се остава вашиот дом пуст. Оти, ви велам: нема да Ме видите отсега дури не кажете: ‚Благословен е Оној, Кој иде во името Господово!‘« И кога излезе Исус од храмот и си одеше, се приближија до Него учениците Негови за да Му ги покажат зградите на храмот. А Исус им рече: »Го гледате ли сето тоа? Вистина, ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, а да не биде урнат.« И кога седеше во Елеонската Гора, дојдоа при Него учениците Негови насамо и Му рекоа: »Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе виде знакот за Твоето доаѓање и за свршетокот на светот?« А Исус им одговори и рече: »Пазете се, да не ве излаже некој; зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: ‚Јас сум Христос!‘ и ќе прелажат мнозина. Ќе слушате боеви и гласови за војни. Гледајте да не се уплашите, оти сето тоа треба да биде; ама тоа уште не е крајот. Зашто ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; и на места ќе има глад, помор и потреси; а сето тоа е почеток на болките. Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име. Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат, и еден со друг ќе се мразат; многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина; и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе се олади. А кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен. И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот. Па така, штом ја видите мерзоста на запустението да стои на свето место, за која е зборувано преку пророкот Даниил – кој чита, нека разбере, тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, да бегаат по планините; кој е на покрив, нека не слегува да земе нешто од куќата своја; и кој е на нива, нека не се враќа дома за да ги земе алиштата свои! Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни. Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме, или во сабота; оти тогаш ќе биде мака, каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде. И, ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни. Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, овде е Христос, или таму е‘, не верувајте! Оти ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, избраните. Ете, однапред ви кажав. И така, ако ви речат: ‚Ете, во пустината е Он‘ – не излегувајте; ‚Ете, во тајната соба е‘ – не верувајте! Зашто, како молњата што излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки. Оти, каде што е трупот, таму се собираат и орлите. И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите ќе попаѓаат од небото, и силите небески ќе попуштат. Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како иде на небеските облаци, со голема слава и сила; и ќе ги испрати Своите ангели со голем трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата. Со смоквата направете споредба: штом се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото; така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата. Вистина ви велам: нема да премине овој род, додека сето тоа не се исполни. Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат. А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, а само Мојот Отец; но, како што беше во деновите на Ноја, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки; оти, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и не узнаа, додека не дојде потопот и истреби сѐ, – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки; тогаш ќе бидат двајца на нива: еден ќе се земе, а другиот ќе се остави; две жени ќе мелат на рачници: едната ќе се земе, а другата ќе се остави. Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ. Знајте го и тоа, дека, ако домаќинот на куќата знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би стоел буден и не би позволил да му ја поткопаат куќата. Затоа бидете и вие готови, зашто во кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки. Кој е, пак, тој верен и благоразумен слуга, кого ќе го постави господарот негов над слугите свои, да им дава навреме храна? Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го најде да постапува така; вистина, ви велам, дека над целиот свој имот ќе го постави него. Ако, пак, тој слуга, бидејќи лош, рече во срцето свое: ‚Господарот мој уште за долго време нема да дојде‘, па почне да ги бие другарите свои и да јаде и пие со пијаниците, господарот на тој слуга ќе дојде во ден, кога тој не го очекува, и во час, што не го знае; и ќе го пресече на половина, и ќе му даде еднаква награда со лицемерите; таму ќе биде плач и крцкање со заби.« »Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилници и излегоа да го пречекаат младоженецот. Петте од нив беа мудри, а петте – неразумни. Неразумните, како ги зедоа светилниците свои, не понесоа со себе елеј; а мудрите, заедно со светилниците, зедоа во садовите свои и елеј; и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање: ‚Ете, младоженецот иде, излезете да го пречекате!‘ Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилници. Неразумните, пак, им рекоа на мудрите: ‚Дајте ни од елејот ваш, зашто нашите светилници гаснат.‘ Мудрите им одговорија и рекоа: ‚Да не би да не ни стигне и нам, и вам: подобро отидете кај продавачите и купете си!‘ А кога отидоа тие да купат, пристигна младоженецот и спремните влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија. Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: ‚Господаре, господаре, отвори ни!‘ А тој им одговори и рече: ‚Вистина, ви велам: не ве познавам!‘ И така, бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки. Зашто, Он ќе постапи како човек, кој тргнувајќи на пат, ги повика слугите свои и им го предаде својот имот; и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден; секому според силата негова; и веднаш замина. Оној, што зеде пет таланти, отиде, ги употреби во работа и спечали други пет таланти; исто така и оној што зеде два таланта, спечали други два; а оној, што доби еден талант, отиде и го закопа в земја и така го сокри среброто на својот господар. По долго време дојде господарот на тие слуги и им побара сметка. И кога пристапи оној, што беше примил пет таланти, донесе уште други пет и рече: ‚Господаре, ти ми предаде пет таланти; ете, сум спечалил и други пет.‘ Господарот му рече: ‚Убаво, добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!‘ Дојде, исто така, и оној што беше примил два таланта и рече: ‚Господаре, ти ми предаде два таланта; ете, со нив спечалив други два.‘ Господарот му рече: ‚Убаво, добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!‘ Пристигна и оној што беше зел еден талант, и рече: ‚Господаре, те знаев дека си жесток човек: жнееш, каде што не си сеел, и собираш, каде што не си веел; па се уплашив и отидов, та го сокрив твојот талант в земја; ете ти го твоето.‘ А господарот му одговори и рече: ‚Лукав и мрзлив слуго! Ти знаеш дека жнеам, каде што не сум сеел, и собирам, каде што не сум веел; затоа требаше моето сребро да го дадеш на трговците, па јас, кога дојдам, ќе си го приберам своето, со добивка; земете го од него талантот и дајте му го на оној, што има десет таланти; зашто секому, што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има; а лошиот слуга фрлете го во крајна темнина: Таму ќе биде плач и крцкање со заби.‘« Откако го рече тоа, извика: »Кој има уши да слуша, нека чуе!« »А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата. Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‚Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене.‘ Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? Кога Те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме?‘ А Царот ќе им одговори и рече: ‚Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле.‘ Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: ‚Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели. Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.‘ Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор, и не Ти послуживме?‘ Тогаш ќе им одговори и рече: ‚Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле.‘ И тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците – во живот вечен.« И кога ги заврши Исус овие зборови, им рече на учениците Свои: »Знаете дека по два дни ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде предаден на распјатие.« Тогаш првосвештениците и книжниците, и старешините народни се собраа во дворот на првосвештеникот, по име Кајафа, и се советуваа како да Го фатат Исуса со измама и да Го убијат; но рекоа: »Само не на празникот, за да не стане бунт во народот.« А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симона Прокажениот, се приближи до Него една жена, која носеше шише со скапоцено миро, и го изли врз главата Негова, кога Он седеше на трпезата. И штом го видоа тоа учениците Негови, се расрдија и рекоа: »Какво е тоа растурање? Оти тоа миро можеше да се продаде многу скапо и парите да се разделат на сиромаси.« Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: »Зошто ја буните жената? Таа направи добро дело за Мене; оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш; таа, изливајќи го тоа миро врз телото Мое, Ме приготви за погребение. Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие по цел свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа што го направи таа.« Тогаш еден од дванаесетте, по име Јуда Искариот, отиде при првосвештениците и рече: »Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?« А тие му предложија триесет сребреници. И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде. А во првиот ден на празникот Бесквасници пристапија кон Исуса учениците и Му рекоа: »Каде сакаш да ти приготвиме да јадеш пасха?« Он им рече: »Одете в град при тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, при тебе ќе ја прославам Пасхата со учениците Свои.‘« Учениците направија како што им заповеда Исус и ја приготвија пасхата. Штом се стемни, Он седна на трпезата со дванаесетте. И кога јадеа, им рече: »Вистина, ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.« Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: »Да не сум јас, Господи?« А Он им одговори и рече: »Оној што ќе макне со Мене во чинијата, тој ќе Ме предаде. Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе се предаде; добро ќе беше за тој човек ако не беше се родил.« А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: »Да не сум јас, Рави?« Му одговори: »Ти рече.« И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови и рече: »Земете, јадете, ова е Моето тело.« И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: »Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за опростување на гревовите. И вам ви велам, оти отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец.« И откако испеаја благодарствена песна, се искачија во Елеонската Гора. Тогаш им рече Исус: »Сите вие ќе се соблазните заради Мене уште во оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе Го поразам пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат.‘ А по воскресението Мое ќе отидам порано од вас во Галилеја.« Тогаш Петар Му одговори и рече: »Дури и сите да се соблазнат заради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.« Исус му рече: »Вистина, ти велам: дека оваа ноќ, уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.« Петар Му кажа: »Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе.« Истото го рекоа и сите ученици. Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: »Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.« И кога ги поведе со Себе Петра и двајцата Зеведееви синови, се натажи и почна да тагува. Тогаш им рече Исус: »Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и видете будни со Мене!« И како се пооддалечи малку, падна ничкум; се молеше и говореше: »Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како Ти.« Па дојде при учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петра: »Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни? Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.« Отиде пак, повторно, и се помоли, говорејќи: »Оче Мој, ако не може да одмине од Мене оваа чаша, да не ја испијам, тогаш нека биде волјата Твоја!« И кога дојде, пак ги најде да спијат, оти очите им беа натежнале. И кога ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови. Потоа дојде при учениците Свои и им рече: »Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешници. Станете да одиме! Ете, наближи оној што Ме предава.« Додека Он уште говореше, ете, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу луѓе со ножеви и колови, испратени од страна на првосвештениците и старешините народни. А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: »Кого што ќе Го целивам, Он е, фатете Го!« И веднаш се приближи до Исуса и Му рече: »Радуј се, Рави!« И Го целива. А Исус му рече: »Пријателе, зошто си дошол?« Тогаш пристапија, положија раце на Исуса и Го фатија. И ете, еден од оние што беа до Исуса, протегна рака и извади нож, па како го удри слугата на првосвештеникот, му го отсече увото. Тогаш Исус му рече: »Врати го ножот на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат; или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец, да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели? Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?« Потоа Исус му рече на народот: »Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите. Секој ден седев со вас, поучувајќи во храмот, и не Ме фативте. Но сето тоа стана, за да се исполнат пророчките писма.« Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа. А оние, што го фатија Исуса, Го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде што беа собрани книжниците и старешините. Петар, пак, одеше по Него оддалеку, до дворот на првосвештеникот; и како влезе внатре, седна со слугите, за да го види крајот. А првосвештениците и старешините, и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исуса, за да Го убијат, и не наоѓаа; и, макар што пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но најпосле дојдоа двајца лажни сведоци, и рекоа: »Овој кажа: ‚Можам да го урнам Божјиот храм и за три дни да го соѕидам.‘« И како стана првосвештеникот, Му рече: »Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?« Но Исус молчеше. А првосвештеникот Му рече: »Те заколнувам во Живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Син Божји?« Исус му одговори: »Ти рече! Ви велам пак: отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на силата и како доаѓа по небеските облаци.« Тогаш првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: »Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење. Како ви се чини?« А тие одговорија и рекоа: »Заслужува смрт!« Тогаш Го плукаа в лице и Го удираа по образите, а други Го биеја и говореа: »Проречи ни, Христе, кој Те удри?« А Петар седеше надвор во дворот. И се приближи до него една слугинка и му рече: »И ти беше со Исуса Галилеецот.« Но тој се одрече пред сите, велејќи: »Не знам што зборуваш.« А кога одеше кон вратата, го виде друга и им рече на оние што беа таму: »И овој беше со Исуса Назареецот.« И пак се одрече тој со клетва: »Не Го познавам Човекот.« Малку потоа се приближија оние, што стоеја таму и му рекоа на Петра: »Навистина, и ти си од нив, зашто и говорот твој те издава.« Тогаш тој почна да се колне, и се заколна: »Не Го познавам Човекот.« И веднаш запеа петел. И се сети Петар на Исусовите зборови, што му ги рече: »Уште петел пред да пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.« Па излезе надвор и плачеше горко. А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини народни направија совет против Исуса за да Го убијат; и откако Го врзаа, Го одведоа, и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат. Тогаш Јуда, што го предаде, кога виде дека е Он осуден, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините, велејќи им: »Згрешив, оти предадов невина крв.« А тие му одговорија: »Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти.« И како ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси. Првосвештениците ги прибраа сребрениците и рекоа: »Не чини да се оставаат во црковната каса, оти се цена за крв.« И како се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат во неа луѓе од други места. Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива. Тогаш се исполни реченото преку пророкот Јеремија: »И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израилеви, и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ«. И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: »Ти ли си Царот Јудејски?« Исус му одговори: »Ти велиш.« И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Он ништо не одговараше. Тогаш Му рече Пилат: »Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?« И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу. А на секој празник Пасха управникот имаше обичај да му отпушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале. Тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава. И кога се собраа, Пилат им рече: »Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исуса, наречен Христос?« Оти знаеше дека Го беа предале од завист. Во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: »Не прави Му ништо на Тој Праведник, оти денеска многу пострадав насон, заради Него.« Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби. Тогаш управникот ги праша: »Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?« Тие одговорија: »Варава!« Пилат им рече: »А што да направам со Исуса, наречен Христос?« Му одговорија сите: »Да биде распнат!« Управникот рече: »Па какво зло направил?« Но тие уште посилно извикаа и рекоа: »Да биде распнат!« Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: »Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!« И одговарајќи целиот народ, рече: »Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!« Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го бичуваа, Го предаде да биде распнат. Потоа управниковите војници Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета околу Него, па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница; исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: »Радувај се, Царе Јудејски!« И плукаа на Него и, како ја зедоа трската, Го удираа по главата. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување. На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот. И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, што значи: место на черепи, Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Он вкуси и не сакаше да пие, А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждреб; па седеа таму и Го чуваа; и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: »Овој е Исус, Царот Јудејски.« Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници: едниот од десната страна, а другиот од левата. А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа и велеа: »Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји слегни од крстот!« Исто така и архијереите, заедно со книжниците и старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа: »Другите ги спаси, а Сам Себе не може да се спаси. Ако е Он Цар Јудејски, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него. Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, оти беше рекол: ‚Син Божји Сум!‘« И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така. А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час; а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: »Или! Или! Лама савахтани?« А тоа значи: »Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил?« А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: »Овој го вика Илија.« И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие. Другите, пак, велеа: »Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси.« А Исус, откако повторно извика со висок глас, го испушти духот. И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот; и земјата се затресе; и карпи паднаа; и гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; па како излегоа од гробовите, по воскресението Негово, влегоа во светиот град и се јавија на мнозина. А стотникот и оние, што со него заедно Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уплашија многу и говореа: »Навистина Овој бил Син Божји!« Таму беа и гледаа оддалеку, исто така, многу жени, што врвеа по Исуса од Галилеја и Му служеа. Меѓу нив беа Марија Магдалина и Марија, мајка им на Јакова и Јосија, и мајката на Зеведеевите синови. А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој Му беше исто така, ученик на Исуса; тој отиде при Пилата и го побара телото Исусово. Тогаш Пилат нареди да го предадат телото. А Јосиф, штом го зеде телото. Го обви во чиста плаштаница, и Го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа; па, откако постави голем камен над гробната врата, си отиде. А таму беа Марија Магдалина и другата Марија, кои седеа спроти гробот. На другиот ден, по петокот, се собраа првосвештениците и фарисеите при Пилата, и му рекоа: »Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: ‚По три дни ќе воскреснам.‘ Затоа нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учениците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: ‚Воскресна од мртвите!‘ Та последната измама ќе биде полоша од првата.« Пилат им рече: »Имате стража; одете и направете како што знаете.« Тие отидоа и со стража го осигураа гробот, и каменот го запечатија. Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден на седмицата, дојдоа Марија Магдалина и другата Марија да го видат гробот. И ете, стана голем потрес: ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него; лицето му беше како молња, а алиштата – бели како снег; а стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви. Ангелот се обрна кон жените и им рече: »Не бојте се; знам дека Го барате Исуса распнатиот; не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ, па отидете бргу и кажете им на учениците Негови, дека Он воскресна од мртвите. И ете, ќе отиде пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите. Ете, ви кажав.« И како излегоа брзо од гробот, тие со страв и голема радост отрчаа да им соопштат на учениците Негови. Кога одеа да им јават на Неговите ученици, Исус ги пресретна и рече: »Радувајте се!« А тие се приближија, ги опфатија нозете Негови и Му се поклонија. Тогаш Исус им кажа: »Не бојте се; одете и соопштете им на браќата Мои, да отидат во Галилеја, и таму ќе Ме видат.« Кога одеа тие, ете, некои од стражарите, влегувајќи в град, им кажаа на првосвештениците за сето она што беше станало. И тие, кога се собраа со старешините и направија совет, им дадоа многу пари на војниците, велејќи: »Кажете, дека учениците Негови дојдоа и Го украдоа, кога ние спиевме; и, ако за тоа чуе управникот, ние ќе го смириме и ќе направиме и вам ништо да не ви се случи.« А тие ги зедоа парите и направија, како што беа научени. И тој глас се пренесува меѓу Јудејците и до денес. А единаесетте ученици отидоа во Галилеја, во гората, каде што им беше заповедал Исус; па, штом Го видоа, Му се поклонија; а некои се сомневаа. А Исус, кога се приближи, проговори и рече: »Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин!« Почеток од Евангелието на Исуса Христа, Син Божји, како што е напишано кај пророците: »Еве, Јас го испраќам пред лицето Твое Мојот ангел, кој што ќе го приготви Твојот пат пред Тебе.« Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови. Се јави Јован, крштавајќи во пустината, и проповедаше покајно крштавање за проштавање на гревовите. И излегуваа при него од целата Јудејска страна и од Ерусалим, и сите се крштаваа од него во реката Јордан, исповедувајќи ги своите гревови. А Јован носеше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и јадеше скакулци и див мед. И проповедаше, велејќи: »По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови. Јас ве крстив со вода, а Он ќе ве крсти со Дух Свети.« А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јована во Јордан. И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува на Него. И се чу глас од небесата: »Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.« Веднаш потоа Духот Го изведе во пустина. И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеја. А потоа, кога Јован беше предаден, дојде Исус во Галилеја и ја проповедаше радосната вест за царството Божјо, и велеше: »Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието.« И, одејќи покрај Галилејското Море, го виде Симона и брата му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари. Исус им рече: »Врвете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!« И тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. Па, штом одмина малку, го виде Јакова Зеведеев и брата му Јована, исто така во кораб, како ги крпат мрежите свои; веднаш ги повика и нив. И тие, оставајќи го татка си Зеведеја во коработ со наемниците, тргнаа по Него. И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботата влезе Он во синагогата и поучуваше. И се чудеа на Неговата наука, оти Он ги учеше како Оној што има власт, а не како книжниците. Имаше во синагогата нивна човек со нечист дух, и извика, говорејќи: О, што имаш Ти со нас, Исусе Назарејче! Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам Кој си Ти, Светец Божји! Но Исус му забрани, велејќи: »Молкни и излези од него!« Тогаш го стресе нечистиот дух, па извика со висок глас и излезе од него. И сите се стресоа од ужас, така што еден со друг се прашуваа и велеа: »Што е ова?! И какво е ова ново учење, што со власт и на нечистите духови им заповеда, и тие Му се покоруваат?« И одеднаш се разнесе глас за него по целиот крај Галилејски. Па, како излегоа од синагогата, дојдоа со Јакова и Јована во куќата на Симона и Андреја. А баба му на Симона лежеше од треска; и веднаш Му јавија за неа. И кога пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа стана; и почна да ги послужува. А приквечер, кога заоѓаше сонцето, носеа при Него секакви болни и бесни. И целиот град се беше собрал пред портата. И излекува мнозина што страдаа од разни болести; истера многу бесови и не им позволуваше на бесовите да кажуваат, дека знаат оти е Он Христос. А утредента, во темни зори, стана, излезе и отиде во пусто место, и таму се молеше. А Симон, и оние што беа со Него, поитаа по Него; па, кога Го најдоа, Му рекоа: »Сите Те бараат.« А Он им рече: »Да појдеме до блиските села и градови, и таму да проповедам, зашто затоа сум излегол.« И проповедаше во нивните синагоги по цела Галилеја и изгонуваше бесови. И дојде при Него еден лепрозен, па, молејќи Го, падна пред Него и Му рече: »Ако сакаш, можеш да ме очистиш.« А Исус, кога се смилува, протегна рака, се допре до него и му рече: »Сакам! Очисти се!« И штом го рече тоа, се изгуби лепрата од него, и тој стана чист; па, како го отпушти, му заповеда и му рече: »Гледај, никому ништо да не кажуваш; но оди, покажи му се на свештеникот и принеси дар за очистување, како што заповедал Мојсеј – ним за сведоштво.« А тој, штом излезе, почна да раскажува многу и да разгласува, така што Исус не можеше јавно да влезе во градот, а се задржуваше надвор, во осамотени места. И приоѓаа кај Него отсекаде. По неколку дена, Он пак влезе во Капернаум; и се чу дека е во една куќа. Веднаш се собраа мнозина, така што и пред вратата не можеа да се сместат; а Он им зборуваше. И дојдоа при Него со еден фатен, кого го носеа четворица; па, како не можеа да се приближат до Него од народот, откако го открија и го пробија покривот од куќата, каде што беше Он, ја спуштија постелката, на која лежеше фатениот. А Исус, кога ја виде верата нивна, му рече на фатениот: »Синко, ти се опростуваат гревовите твои!« Таму седеа некои од книжниците и си помислија во срцата свои: Што хули Овој на Бога? Кој друг може да опростува гревови, освен единиот Бог? Исус веднаш, штом узна со Својот дух, дека тие така мислат во себе, им рече: »Зошто го помислувате тоа во срцата свои? Што е полесно да му кажам на фатениот: ти се простуваат гревовите или да речам: дигни се, земи ја постелката своја и оди? Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите« – му рече на фатениот – Тебе ти велам: стани, земи ја постелката своја и оди си дома! И тој стана веднаш, па, штом ја зеде својата постелка, се појави пред сите – така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: »Никогаш вакво чудо не сме виделе!« И излезе Исус пак покрај морето, и сиот народ доаѓаше при Него, и Он ги поучуваше. И кога одеше, го виде Левија Алфеев, кој седеше на митницата, и му рече: »Врви по Мене!« Тој стана и тргна по Него. А кога седеше Исус на трпезата во неговата куќа, заедно со Него седеа и учениците Негови, и многу митници и грешници; зашто тие беа мнозина и врвеа по Него. Книжниците и фарисеите, штом Го видоа да јаде со митници и грешници, им рекоа на учениците Негови: »Зошто со митници и грешници јаде и пие?« Кога го чу тоа Исус, им рече: »Здравите немаат потреба од лекар, а болните. Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците – на покајание.« Учениците на Јована и на фарисеите постеа. И приоѓаа некои, па Му велеа: »Зошто учениците Јованови и на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?« Исус им рече: »Зар можат сватовите да постат, кога младоженецот е со нив! За сето време, дури е со нив младоженецот, тие не можат да постат; но ќе дојдат дни, кога ќе им го одземат младоженецот и тогаш, во тие дни, и тие ќе постат. Никој не крпи стара облека со нова крпа; инаку, новозашиената крпа ќе се отшие од старото, и отворот ќе биде уште поголем. Никој не става ново вино во стари мевови; инаку, новото вино ќе ги расцепи мевовите и виното ќе истече, а и мевовите ќе се упропастат; туку ново вино треба да се става во нови мевови.« И Му се случи во саботен ден да минува преку нивјето, и почнаа учениците Негови, врвејќи, да кинат класје. А фарисеите Му рекоа: »Гледај, зошто го прават учениците во сабота тоа, што не треба да се прави?« Но Он им рече: »Зар никогаш не сте читале што направи Давид, кога имаше потреба и огладне сам тој и оние, што беа со него? Како влезе во домот Божји, при првосвештеникот Авијатар, ги изеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде никој друг освен свештениците, па им даде и на оние, што беа со него?« Потоа продолжи: »Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата. Па така, Синот Човечки е господар и на саботата.« И влезе пак во синагогата, а таму имаше еден човек со исушена рака. И пазеа на Него, дали ќе го исцели во саботен ден, за да Го обвинат. А Он му рече на човекот со исушената рака: »Застани насреде!« Ним, пак, им кажа: »Во сабота позволено ли е да прави човек добро, или зло; да спаси една душа, или да ја погуби?« Па, кога ги изгледа со гнев, зашто Му беше тешко поради нивните скаменети срца, му рече на човекот: »Протегни ја раката своја!« Тој ја протегна, и таа му стана здрава, како и другата. Фарисеите, штом излегоа, веднаш се собраа со иродовците на совет против Него, како да Го погубат. Исус, пак, отиде со Своите ученици кон морето, и по Него одеше многу народ од Галилеја, и од Јудеја, од Ерусалим, и од Идумеја и отаде Јордан. Па и од Тир и Сидон, откако чуја какви дела врши, во голем број дојдоа кај Него. И им порача на учениците Свои да Му приготват кораб, поради народот, за да не Му додева; зашто мнозина беше излекувал, така што сите, кои беа болни, навалуваа на Него за да се доближат до Него. И нечистите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него, викаа и говореа: »Ти си Син Божји!« Но он строго им забрануваше да разгласуваат за Него. Потоа се искачи на гората и ги повика при Себе оние, кои Сам ги одбра, и тие дојдоа при Него. Избра дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат; и да имаат власт да лекуваат болести и да изгонуваат бесови: првиот Симон, кого го нарече Петар; па Јаков Зеведеев и брат му Јован, на кои им даде име Воанергес, што значи: синови на громот; потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Кананит и Јуда Искариотски, кој и Го предаде. И дојдоа во една куќа; и пак се собра народ – така што и тие не можеа ни леб да јадат. И кога чуја Неговите домашни, отидоа да Го приберат, оти се говореше дека не бил на Себеси. А книжниците, што беа слегнале од Ерусалим, велеа дека во Него е Велзевул и дека бесовите ги истерува со силата на кнезот демонски. И кога ги повика, им говореше во параболи: »Како може сатаната да изгонува сатана? Ако едно царство се раздели на делови, еден против друг, тоа царство не може да се одржи; и, ако еден дом се раздели на делови, еден против друг, тој дом не може да опстане; ако и сатаната се дигнал против себеси, и се разделил, не ќе може да се одржи; му дошол крајот и нему. Никој не може, кога ќе влезе во куќата на силен човек, да му ја ограби покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот; и тогаш ќе му ја земе покуќнината. Вистина, ви велам: на човечките синови ќе им се простат сите гревови и хули, какви и да бидат тие; но, кој похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости никогаш, а ќе биде виновен пред вечниот суд.« Тоа го рече, оти велеа: »Нечист дух е во Него.« И дојдоа мајка Му и браќата Негови, па, стоејќи надвор, порачаа да Го викнат. А околу Него седеше народ. И Му рекоа: »Ете, мајка Ти и браќата Твои, и сестрите Твои, надвор се и Те бараат.« А Он им одговори, велејќи: »Која е мојата мајка, или кои се браќата Мои?« Па, како ги погледна оние што седеа околу Него, рече: »Еве ги Мојата мајка и Моите браќа. Зашто оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.« И пак почна да поучува покај морето; и се собра околу Него многу народ; Он влезе тогаш во кораб во морето и седеше, а сиот народ стоеше на суво, покрај морето. И ги поучуваше многу со параболи, и во поуките Свои им велеше: »Слушајте! Ете излезе еден сејач да сее; и се случи, кога сееше, едни зрна да паднат покрај патот, па долетаа птиците небески и ги исколваа. Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу изникнаа, оти земјата не беше длабока; а кога изгреа сонцето, тие свенаа, па како немаа корен, се исушија. Некои паднаа во трње; и израсна трњето, и ги задуши, и не дадоа плод. А други паднаа на добра земја и почнаа да даваат плод, што израсна и узреа; и принесоа; кое триесет, кое шеесет, кое сто.« И им рече: »Кој има уши да слуша, нека чуе!« А кога остана Сам, оние што беа околу Него, заедно со дванаесетте, Го прашаа за параболата. И им кажа: »Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на оние, надворешните, сѐ ќе им се кажува во параболи, за да гледаат со очи, и да не видат; да слушаат со уши, и да не разбираат; оти се бојат да не се покајат некогаш, та да им се простат гревовите.« И им рече: »Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги разберете сите приказни? Сејачот го сее словото. Посеаното покрај патот ги означува оние, кај кои се сее словото, но при кои, откако го чујат, веднаш доаѓа сатаната и им го граби словото, посеано во срцата нивни. Исто така и посеаното на каменито место ги означува оние, кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го примаат, но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога настане жалост или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат. Посеаното во трње ги означува оние што го слушаат словото, но грижите за овој век, примамливото богатство и други желби, кои, кога се вселат во нив, го задушуваат словото и тоа останува бесплодно. А посеаните зрна на добра земја се оние, што го слушаат словото и го примаат и принесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а други сто.« И Им рече: »Зар се внесува светило за да се тури под поклоп или под одар? Не затоа ли, да се стави на свеќник? Оти нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту, пак, нешто сокриено, а да не излезе на видело. Ако некој има уши да слуша, нека чуе!« И им велеше: »Внимавајте на она што слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде вам што слушате. Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.« Па рече: »Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја, па спие и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае. Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред трева, па клас, а потоа и полно зрно во класот. А кога узрее плодот, одеднаш испраќа срп, зашто дошло времето за жетва.« Пак продолжи: »Со што да го споредиме царството Божјо, или со каква парабола да го прикажеме? Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите семиња земни; а кога се посее, израснува и станува поголемо од сите растенија, и пушта големи гранки, така што под неговата сенка можат да се засолнуваат птиците небески.« И со многу такви параболи им го проповедаше словото, колку што можеа да слушаат. И без параболи не им говореше, а на учениците Свои насамо сѐ им објаснуваше. Тој ден вечерта им рече: »Да минеме на спротивната страна!« И кога го отпуштија народот, учениците Го зедоа со себе, како што беше во коработ, а го следеа и други кораби, И се подигна голема бура, и брановите се префрлуваа во коработ – така што тој веќе пропаѓаше. Он, пак, беше на кормилото и спиеше на возглавница; Го разбудија и Му рекоа: »Учителе, зар не Ти е жал што загинуваме?« А кога стана, му забрани на ветрот и му рече на морето: »Молкни, престани!« И ветрот стивна и настана голема тишина. Па им рече: »Што сте така плашливи? Како немате толку вера?« И ги опфати голем страв, и говореа еден на друг: »Кој е, пак, Овој, што и ветрот и морето Го слушаат?« Премина отаде море, во страната Гадаринска. И кога излезе Он од коработ, веднаш Го сретна еден човек од гробиштата со нечист дух. Тој живееше во гробовите, и дури со вериги никој не можеше да го врзе; оти многупати беше во окови и во вериги врзан, ама ги кршеше веригите и ги раскинуваше оковите, и никој не можеше да го скроти; и секогаш, ноќе и дење, по гробиштата и по ридиштата викаше и се удираше со камења. Штом Го виде Исуса оддалеку, притрча и Му се поклони. Па, како извика со висок глас, рече: »Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!« Зашто му беше рекол: »Дух нечисти, излези од човекот!« И го праша: »Како те викаат?« А тој одговори и рече: »Легион ми е името, оти сме многу.« И Го молеа многу да не ги пади од тој крај. А таму, по ридот пасеше голем број свињи. И сите бесови Го молеа и велеа: »Прати нѐ во свињине, да влеземе во нив.« И Исус веднаш им позволи. Па, како излегоа, нечистите духови – влегоа во свињите; и се гргнаа свињите по стрмнината во морето, а беа околу две илјади; и се издавија во морето. А оние, што ги пасеа свињите, побегнаа и известија во градот и по околијата. И мнозина излегоа да видат што станало. И дојдоа при Исуса, и го видоа бесниот како седи облечен, и со здрав ум, во кого имаше легион, и се уплашија. А оние, кои беа виделе, раскажуваа што стана со бесниот и со свињите. И почнаа да Го молат да си отиде од нивните краишта. А кога влезе во коработ, оној, што беше порано бесен, Го помоли да биде со Него. Исус не му позволи, но му рече: »Оди дома при своите, па раскажи им што ти направи Господ и како те помилува.« Си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус. И сите се чудеа. А кога премина Исус со коработ пак на другата страна, при Него со собра многу народ. И беше покрај морето. И ете, дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови и Го молеше многу, говорејќи: »Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!« И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа. Една жена, што страдаше од крвотечение дванаесет години, и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сѐ што имала и никаква полза не видела, а ѝ станало дури уште полошо, штом чу за Исуса, се приближи одзади меѓу народот и се допре до облеката Негова; оти си велеше: »Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам!« И веднаш престана крвотечението, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста. А Исус одеднаш почувствува во Себе како излезе сила од Него и се сврте кон народот па рече: »Кој се допре до облеката Моја?« Учениците Негови Му рекоа: »Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: Кој се допре до Мене?« Но Он гледаше наоколу, за да ја види онаа, што го направи тоа. Жената, пак, се уплаши и трепереше; па, знаејќи што стана со неа, се приближи, падна пред Него и Му ја кажа целата вистина. А Он ѝ рече: »Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!« Додека Он уште зборуваше, дојдоа од кај началникот на синагогата и рекоа: »Ќерка ти умре; што Му создаваш уште труд на Учителот?« Но Исус, откако ги чу тие зборови, му рече: »Не бој се, а само верувај!« И никому не му позволи да оди со Него, освен на Петра, на Јакова и на Јована, братот на Јакова. Дојде во куќата на началникот на синагогата и виде смут, плачење и силно врискање. И кога влезе, им рече: »Што сте се развикале и расплакале? Детето не е умрено, туку спие.« А тие Му се потсмеваа. Он, пак, откако ги истера сите, ги зеде таткото и мајката на девојчето и оние што беа со Него, и влезе каде што лежеше девојчето. И, кога ја фати раката на девојчето, рече: »Талита, куми!« – што значи: »Девојко, тебе ти велам, стани!« И девојката одеднаш стана, и почна да оди, бидејќи имаше дванаесет години. И сите се зачудија многу. А Он строго им заповеда, никој да не разбере за тоа, и рече: »Дајте ѝ да јаде!« Па излезе оттаму и дојде во Својот крај; а по Него одеа и учениците Негови. И кога дојде саботата, Он почна да поучува, во синагогата, и мнозина, што слушаа, се чудеа и говореа: »Од каде во Него ова? И каква е оваа мудрост што Му е дадена, та такви чудеса стануваат преку Неговите раце? Не е ли Он дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јакова, Јосија, Јуда и Симона? И не се ли овде меѓу нас сестрите Негови?« И се соблазнија заради Него. А Исус им рече: »Пророкот никаде не останува без почест, освен во својата земја, меѓу роднините, и во својот дом.« И не можеше таму да изврши никакво чудо; само многу малку болни излекува, полагајќи ги рацете врз нив. И се чудеше на нивното неверие. Па одеше по околните села и поучуваше. И ги повика дванаесетте, и почна да ги праќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови. Па им заповеда да не земаат ништо за по пат, освен по еден стап; ни торба, ни леб, ни пари во појасот, но да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки. И им рече: »Ако влезете негде во куќа, останете во неа, дури не си отидете оттаму. А ако негде не ве примат, ниту ве послушаат, штом излезете оттаму, истресете го правот од нозете свои, ним за сведоштво. Вистина ви велам: полесно ќе им биде на Содом и Гомор во судниот ден, отколку на тој град.« Тие појдоа и проповедаа покајание; и изгонуваа многу демони, и многумина болни помазуваа со елеј, и лекуваа. И цар Ирод разбра за Исуса, оти името Негово беше прочуено, па рече: »Јован Крстител воскреснал од мртвите и затоа стануваат чудеса преку него.« Едни велеа: »Илија е!«, а други: »Пророк е, или како еден од пророците.« А Ирод, штом чу, рече: »Тоа е Јован, на кого јас му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите.« Зашто сам Ирод прати да го фатат Јована, го врза и го фрли во затвор, заради Иродијада, жената на брата му Филипа, оти се ожени со неа. Бидејќи Јован му велеше да Ирода: »Не ти е позволено да ја водиш жената на твојот брат!« А Иродијада се озлоби против него и сакаше да го убие, но не можеше. Оти Ирод се плашеше од Јована, знаејќи дека е тој човек праведен и свет, и го пазеше; многу работи вршеше од послушност кон него, и со пријатност го слушаше. И настана погоден ден, кога Ирод, по повод на својот роденден, им приготви вечера на своите кнезови, војводи и старешини галилејски; и влезе ќерката на Иродијада, играше и им угоди на гостите и на Ирода. Тогаш ѝ рече царот на девојката: »Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам!« И ѝ се заколна: »Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство.« А таа излезе и ја праша мајка си: »Што да побарам?« Таа ѝ одговори: »Главата на Јована Крстител!« И одеднаш, кога влезе при царот со брзина, се помоли, говорејќи: »Сакам уште сега да ми ја дадеш на табла главата на Јована Крстител!« Царот се загрижи, но заради клетвата и гостите свои нејќеше да откаже. И веднаш, откако испрати џелат, царот нареди да ја донесат главата негова. А тој отиде, му ја отсече главата во затворот и ја донесе на табла, па ѝ ја предаде на девојката, а девојката ја даде на мајка си. Учениците, пак, негови, кога разбраа, дојдоа и го зедоа телото негово и го погребаа. И се собраа апостолите при Исуса, па Го известија за сѐ, и што направиле, и на што поучувале. А Он им рече: »Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.« Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат. И отидоа со кораб сами во осамено место. И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови тргнаа таму; ги испреварија и се собраа при Него. А Исус, кога излезе, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу. И бидејќи веќе времето поизмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: »Овде е местово пусто, а и доцна е; распушти ги за да отидат по околните села и колиби и да си купат леб, оти нема што да јадат.« Он им одговори и рече: »Дајте им вие да јадат!« А тие Му рекоа: »Освен да отидеме и да купиме за двесте динарии леб, па да им дадеме да јадат?« Потоа Он ги праша: »Колку лебови имате? Отидете и видете!« И кога видоа, рекоа: »Пет лебови и две риби.« Тогаш Исус им рече на сите да поседнат на купчиња по зелената трева. И поседнаа на редици по сто и по педесет. Он ги зеде петте лебови и двете риби, па, како погледна кон небото, ги благослови лебовите и ги прекрши, и им ги даде на учениците Свои, за да им ги стават пред нив; исто така им ги раздели и двете риби на сите. И јадеа сите и се наситија. И кренаа парчиња, од лебот и од рибите, полни дванаесет кошеви. А оние, што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи. И веднаш ги натера учениците Свои да влезат во кораб и да отидат порано од Него на другата страна кон Витсаида, дури Он не го распушти народот. И како се оддели од нив, отиде во гората за да се помоли. Приквечер коработ беше среде морето, а Он на суво. И ги виде како се мачат при пловењето, оти ветрот им беше спротивен; а околу четвртата стража ноќта се приближи до нив и, одејќи по морето, сакаше само да помине покрај нив. А тие, штом Го видоа како оди по морето, помислија дека е тоа привидение, па извикаа; оти сите Го видоа и се уплашија. Он веднаш почна да говори со нив и им рече: »Не плашете се! Јас сум, не бојте се!« И влезе при нив во коработ и ветрот стивна. А тие многу се уплашија и се чудеа во себе; зашто не се вразумија со лебовите, бидејќи срцето им беше скаменето. И кога преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска и се задржаа таму. А штом излегоа од коработ, веднаш го познаа. Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на носилки да носат болни таму, каде што слушнаа дека се наоѓа Он. И каде и да влегуваше: во села, во градови или населби – на раскрсниците полагаа болни и Го молеа да се допрат барем до полата од облеката Негова. И сите, што се допираа до Него, се спасуваа. Се собраа при Него фарисеите и некои од книжниците, што беа дошле од Ерусалим. И кога видоа дека некои од Неговите ученици јадат леб со нечисти, односно со неизмиени раце, ги укорија. Зашто фарисеите и сите Јудејци, држејќи го преданието на старите, не јадат, дури не ги измијат рацете до лактите; и кога ќе се вратат од пазар, не јадат, дури не се измијат; и уште многу друго има што примиле и го држат; миење чаши, чинии, котли и столови. Потоа фарисеите и книжниците Го прашаа: »Зошто учениците Твои не постапуваат според преданието на старите, но со неизмиени раце јадат леб?« А Он им одговори и рече: »Добро пророкувал Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: ‚Овој народ со уста Ме почитува, а со срцето свое стои далеку од Мене; но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби.‘ Зашто, вие, оставајќи ја Божјата заповед, го држите преданието човечко: миење чинии и чаши, и вршите многу други слични работи.« И им рече: »И така ја отфрлате Божјата заповед, за да го запазите вашето предание. Оти Мојсеј рече: ‚Почитувај ги татка си и мајка си‘, и ‚Кој го злослови таткото свој или мајка си, со смрт да се казни,‘ А вие велите: ‚Ако некој каже на татка си или на мајка си: корван, односно, ветено е на Бога она, со кое би се ползувал ти од мене.‘ И на таков не оставате веќе ништо да направи за својот татко или за својата мајка, престапувајќи го словото Божјо со вашето предание, што сте го предавале вие; и многу такви слични работи вршите.« И кога го повика сиот народ, им рече: »Слушајте Ме сите и разберете: ништо што влегува во устата на човекот однадвор, не може да го оскверни; освен она што излегува од него, тоа го осквернува човекот. Ако некој има уши да слуша, нека чуе!« И кога се оддалечи од народот и влезе во една куќа, учениците Негови Го прашаа за параболата. А Он им рече: »Зар сте и вие така неразумни? Не разбирате ли дека ништо, што влегува во човекот од надвор, не може да го оскверни? Оти не во срцето му влегува тоа, а во стомакот, и излегува надвор, чистејќи ја сета храна.« И уште им рече: »Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот. Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат лоши помисли, прељубодејства, блудства, убиства, кражби, лакомства, лукавства, пакости, злоби, око лукаво, богохулство, гордост, безумство. Сето тоа зло однатре излегува и го осквернува човекот.« И кога се крена оттаму, отиде во пределите Тирски и Сидонски; и кога влезе во една куќа, сакаше никој да не Го узнае. Но не можеше да се сокрие. Зашто чу за Него една жена, чија ќерка имаше нечист дух, па, како дојде, падна пред нозете Негови. А таа жена беше друговерка, по потекло Сирофеничанка; и Го молеше да го истера бесот од ќерка ѝ. Но Исус ѝ рече: »Остави најнапред да се насити челадта; зашто не е добро да се земе лебот од челадта и да им се фрли на кучињата.« И таа одговори и Му рече: »Да, Господи! Но и кучињата јадат под трпезата, од трошките на челадта.« И ѝ рече: »За тој збор оди си! Бесот излезе од ќерка ти!« И кога се врати дома, ја најде ќерка си како лежи на постела, а бесот беше излегол. И пак излезе Исус од пределите Тирски и Сидонски и отиде кон Галилејското Море, низ пределите на Десеттоградието. И доведоа при Него еден глув и тепкав, па Го молеа да положи над него рака. Исус, откако го одведе настрана од народот, ги стави Своите прсти во неговите уши; а кога плукна, го допре неговиот јазик; па, штом погледна на небото, воздивна и му рече: »Ефата!« – што значи: »Отвори се!« И веднаш му се отвори слухот, и се разврзаа врските на неговиот јазик и говореше чисто. И им заповеда никому да не кажуваат. Но, во колку Он им забрануваше, во толку повеќе тие разгласуваа. И прекумерно се чудеа и велеа: »Сѐ добро прави: и глувите ги прави да слушаат и немите да зборуваат.« Во тие дни, кога се беше собрал многу народ и немаше што да јадат, Исус ги повика учениците Свои и им рече: »Ми е жал за народот, оти три дена веќе стојат при Мене и нема што да јадат. Ако ги распуштам гладни по куќите нивни, ќе премалеат по патот, зашто некои дошле од далеку.« Учениците му одговорија: »Од каде може човек сите овие да ги нахрани со леб, овде во пустинава?« И ги праша: »Колку лебови имате?« А тие одговорија: »Седум.« Тогаш му заповеда на народот да поседне по земјата; па, откако ги зеде седумте лебови, заблагодари, ги раскрши и им ги даде на учениците Свои да ги разделат; и тие ги ставија пред народот. Имаа и малку риби; како ги благослови, заповеда да ги разделат и нив. И јадеа, и се наситија; и кренаа седум кошници останати парчиња. А оние, што јадеа, беа околу четири илјади. И ги распушти. И веднаш влезе во кораб со учениците Свои и дојде во пределите Далманутски. И излегоа фарисеите и почнаа да се препираат со Него, па искушувајќи Го, Му побараа чудо од небото. А Он воздивна длабоко и рече: »Зошто овој бара чудо? Вистина ви велам: нема да се даде чудо на овој род.« И кога ги остави, пак влезе во коработ и премина на другата страна. А тие, пак, беа заборавиле да земат леб и во коработ немаа со себе повеќе, освен еден леб. А Он им заповеда и рече: »Внимавајте, чувајте се од квасот фарисејски и од квасот Иродов!« И си размислуваа помеѓу себе, велејќи: »Тоа е што немаме леб.« А Исус, кога ги разбра, им рече: »Што мислите дека немате леб? Зар уште не знаете и не разбирате? Уште ли е скаменето вашето срце? Очи имате, не гледате ли? Уши имате, не слушате ли? И не помните ли? Кога ги раскршив петте лебови, за пет илјади души, колку полни кошеви со парчиња кренавте?« Му рекоа: »Дванаесет.« А седумте – за четири илјади, колку кошници со останати парчиња собравте? Тие одговорија: Седум. И им рече: »Па како тогаш не разбирате?« Потоа дојде во Витсаида; и доведоа при Него слеп и Го молеа да се допре до него. И кога го зеде слепиот за рака, го изведе надвор од селото и, откако плукна на очите негови, ги положи рацете над него, па го праша дали гледа нешто. Тој, кога погледна, рече: »Ги гледам луѓето да врват како дрвја.« Потоа пак ги положи рацете над очите негови и му рече да погледа. И му се поврати видот и ги гледаше сите јасно. И го испрати во домот негов и му рече: »Не се одбивај в село, ниту раскажувај некому!« И излезе Исус со учениците Свои по селата на Ќесарија Филипова. По патот ги праша учениците Свои и им рече: »За кого Ме мислат луѓето?« Тие одговорија: »За Јована Крстител, некои за Илија, а други, пак, за еден од пророците.« Он, пак им рече: »А вие, за кого ме мислите?« Петар Му одговори и рече: »Ти си Христос!« И им забрани да говорат за Него кому и да било. Па почна да ги учи дека Синот Човечки треба многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и да биде убиен и на третиот ден да воскресне. И говореше за тоа откриено. Но Петар, како Го повлече настрана, почна да Го одвраќа. А Он, кога се заврте и ги погледна учениците Свои, му забрани на Петра да говори и рече: »Бегај од Мене, сатано! Оти не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко.« И кога го повика народот и учениците Свои, им рече: »Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси. Оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? Зашто, кој се срами од Мене и од зборовите Мои во овој прељубодеен и грешен род, и Синот Човечки ќе се срами од него, кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели.« И им рече: »Вистина, ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, дури не го видат царството Божјо, дојдено во сила.« А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петра, Јакова и Јована и ги одведе сами во висока гора, насамо, и се преобрази пред нив. Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белилка на земјата не може да избели. И им се јави Илија со Мојсеја, и разговараа со Исуса. Тогаш проговори Петар и Му рече на Исуса: »Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три сеници: една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија.« Зашто не знаеше што да каже, оти беа многу уплашени. И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: »Овој е Мојот возљубен Син. Него слушајте Го!« И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен само Исуса. А кога слегуваа од гората, им заповеда Он – никому да не кажуваат што виделе, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите. И го задржаа тој збор во себе, прашувајќи се еден со друг што значи тоа: »да воскресне од мртвите?« И Го прашаа, велејќи: »А зошто книжниците велат – дека најнапред треба да дојде Илија?« А Он, пак, одговори и рече: »Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ, а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понизен. Но ви велам: дека и Илија дојде, како што е напишано за него, и му направија што сакаа.« И кога дојде при учениците Свои, виде многу народ околу нив и книжници, кои се препираа со нив. И штом Го виде, сиот народ се исплаши; а кога се приближија, Го поздравуваа. Ги праша книжниците: »Зошто се препирате со нив?« Тогаш еден од народот одговори и рече: »Учителе, го доведов при Тебе сина ми, во кого има нем дух; и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на учениците Твои да го изгонат, но тие не можеа.« А Исус одговори и рече: »О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене!« И кога го доведоа кај Него – штом го виде, веднаш духот го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет. Го праша Исус татка му: »Колку време има откако станува тоа со него?« Тој одговори: »Од детинство; и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби; но, ако можеш, смили се над нас и помогни ни!« А Исус му рече: »Ако можеш да поверуваш? Сѐ е можно за оној што верува!« И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи рече: »Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!« А Исус, штом виде дека се собра многу народ, му забрани на нечистиот дух и му рече: »Дух нем и глув, Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!« И кога извика, силно го стресе и излезе; а момчето беше како мртво – така што мнозина велеа дека умрело. Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана. И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: »Зошто ние не можевме да го истераме?« Им одговори: »Тој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.« И кога излегоа оттаму, минеа преку Галилеја; и Он не сакаше некој да разбере. Оти ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне. Но тие не ги разбираа овие зборови и се плашеа да Го прашаат. И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: »Што размислувавте меѓу себе патем?« Тие молчеа, зашто патем се препираа помеѓу себе, кој е поголем. Па, како седна, ги повика дванаесетте и им рече: »Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и на сите – слуга!« И кога зеде едно дете, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече: Кој прими едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Мене Ме прима, туку Оној, Кој Ме пратил. Тогаш Јован Му одговори и рече: »Учителе, видовме еден, кој во Твое име изгонува бесови, а не врви по нас; и му забранивме, оти не оди по нас.« А Исус рече: »Не бранете му, зашто никој, што прави чудо во Мое име, не ќе може наскоро да говори зло за Мене. Зашто, кој не е против вас, тој е со вас. И кој ве напои со чаша вода во Мое име, дека сте Христови, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда. А кој соблазни едно од овие мали, што веруваат во Мене, за него е подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море. И ако те соблазнува раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе без рака да влезеш во животот, отколку да имаш две раце и да отидеш во пеколот, во неизгасливиот оган, каде што нивниот црв не гине, и огнот не изгаснува. И, ако те соблазнува ногата твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку да ги имаш двете нозе и да бидеш фрлен во геената, во неизгасливиот оган, каде што нивниот црв не гине ни огнот се изгаснува. И, ако окото твое те соблазнува, извади го; подобро е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во геената огнена, каде што нивниот црв не гине, и огнот не изгаснува. Зашто секој со оган ќе се посоли, и секоја жртва со сол ќе се осоли. Солта е добра; но, ако солта биде несолена, со што ќе се осоли? Затоа имајте сол во себе, и мир имајте помеѓу себе!« И кога стана Исус оттаму, премина во пределите Јудејски, преку страната што е отаде Јордан. И пак приоѓаше народ кон Него; а Он, по Својот обичај, ги поучуваше. И пристапија фарисеите и Го прашаа, искушувајќи Го: »Допуштено ли е да ја остави човек својата жена?« А Он им одговори и рече: »Како ви заповеда Мојсеј?« Тие рекоа: »Мојсеј позволи да се напише разводно писмо и да се отпушти.« Одговори Исус и им рече: »Заради вашето жестоко срце ви ја напишал таа заповед. Во почетокот на светот, пак, Бог ги создаде маж и жена. Затоа човек ќе го остави татка си и мајка си, и ќе се прилепи до жената своја, и обата ќе бидат едно тело; и така, тие веќе не се двајца, а едно тело. А Бог што составил, човек да не разделува.« И во домот, учениците Негови пак Го прашаа за тоа. И им рече: »Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, тој прељубодејствува спрема неа; а и жена, ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодејствува.« И донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив, но учениците им забрануваа на оние што ги носеа. Кога го виде тоа Исус, негодуваше и рече: »Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо. Вистина ви велам: кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.« И кога ги прегрна, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше. А кога излегуваше на пат, притрча некој, падна на колена пред Него и Го праша: »Учителе добар, што треба да направам, за да наследам живот вечен?« Исус му рече: »Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен единиот Бог! Заповедите ги знаеш: не прељубодејствувај; не кради; не сведочи лажно; не навредувај; почитувај ги татка си и мајка си.« А тој Му одговори и рече: »Учителе, сето тоа сум го запазил од младини.« Кога го погледна Исус, му омиле, па рече: »Едно не ти достига: оди и продај сѐ што имаш, и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; дојди и врви по Мене, кога ќе го земеш крстот.« Тој, пак, кога се смути од тие зборови, си отиде нажален, зашто имаше големо богатство. И кога погледна Исус, им рече на учениците Свои: »Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!« А учениците се уплашија од зборовите Негови. Но Исус пак им одговори и рече: »Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо! Полесно ѝ е на камила да влезе низ иглени уши, отколку на богат – да влезе во царството Божјо.« А тие се чудеа многу и си велеа помеѓу себе: »Тогаш кој може да се спаси?« Кога ги погледна Исус, им рече: »За луѓето тоа не е можно, но не и за Бога; зашто за Бога сѐ е можно!« И Петар почна да му говори: »Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме.« А Исус одговори и рече: »Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието, а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век – и живот вечен. И мнозина први ќе бидат последни, а последните – први.« Кога беа на пат, искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа уплашени, па, врвејќи по Него, се боеја. И кога ги повика повторно дванаесетте, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него. Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците. И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне. Тогаш пристапија кон Него Зеведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: »Учителе, сакаме да ни направиш она, што ќе побараме.« Он ги праша: »Што сакате да ви направам?« А тие Му одговорија: »Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.« Но Он им рече: »Не знаете што барате. Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?« Тие одговорија: »Можеме.« А Исус им рече: »Чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но, да позволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено.« Десетте, пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јакова и Јована. А Исус, кога ги повика, им рече: »Знаете дека оние, што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.« Потоа пристигнаа во Ерихон. И кога излегуваше Исус од Ерихон со учениците Свои, и со многу народ, Тимеевиот син, Вартимеј, кој беше слеп, седеше покрај патот и просеше. Па, како чу оти е тоа Исус Назареецот, почна да вика и да вели: »Исусе, сине Давидов, помилуј ме!« И мнозина му велеа да молчи, но тој уште повеќе викаше: »Сине Давидов, помилуј ме!« Исус застана и рече да го викнат. И го повикаа слепиот, говорејќи му: »Не бој се, стани, те вика!« Тој, кога ја фрли горната облека, стана и дојде при Исуса. А Исус, одговарајќи му, го запраша: »Што сакаш да ти направам?« Слепиот Му рече: »Да прогледам, Учителе!« Исус му рече: »Оди си, верата твоја те спаси!« И тој веднаш прогледа, па тргна патем по Исуса. И кога се приближија до Ерусалим, во Витфагија и Витанија, при Елеонската Гора, испрати Исус двајца од учениците, и им рече: »Одете во селоно, што е наспроти вас, па штом влезете во него, ќе најдете врзано осле, што ниеден човек не го јавал; одврзете го и доведете го! И, ако ви рече некој: ‚Зошто го правите тоа?‘ Кажете дека Му е потребно на Господа; и тој веднаш ќе го прати тука.« Тие отидоа и го најдоа ослето, врзано за портата од надвор, на раскрсницата, и го одврзаа. И некои од оние, што стоеја таму, им рекоа: »Што правите? Зошто го одврзувате?« А овие им одговорија, како што им беше заповедал Исус, и тие ги оставија. И го одведоа ослето при Исуса, ги кладоа врз него алиштата свои, и Он седна на него. И мнозина ги постилаа своите облеки по патот. А оние, што одеа пред Него и по Него, викаа и велеа: »Осана! Благословен е, Кој иде во името Господово! Благословено е царството на нашиот татко Давида, кое иде во името Господово! Осана во висините!« И влезе Исус во Ерусалим, и во храмот; разгледа сѐ; па, како веќе беше доцна, излезе и отиде со дванаесетте во Витанија. А утредента, кога излегоа од Витанија, Он огладне; и кога оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи, не би ли нашол нешто на неа; но, кога се доближи до неа, не најде ништо освен лисја, оти уште не беше времето за смокви. И кога одговори Исус, ѝ рече: »Отсега никој довека да не вкуси плод од тебе!« И го чуја тоа учениците Негови. И пак дојдоа во Ерусалим. Кога влезе Исус во храмот, почна да ги пади оние, што продаваа и купуваа во храмот, и им ги преврти масите на менувачите и столовите на оние, што продаваа гулаби; и не позволуваше никој преку храмот да пренесе каков и да било сад. И ги поучуваше, велејќи: »Не е ли напишано: ‚Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘; а вие го направивте како разбојничко гнездо.« И кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, гледаа како да Го погубат, зашто се боеја од Него, оти сиот народ се восхитуваше на Неговото учење. А кога се стемни, Он излезе надвор од градот. Утредента, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен. И кога се сети, Петар Му рече: »Рави, погледај! Смоквата, што ја проколна, се исушила.« А Исус им одговори и рече: »Имајте вера во Бога. Оти, вистина, ви велам, ако некој ѝ рече на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомни во срцето свое, а поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже. Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете: и ќе ви биде. И кога стоите на молитва, проштавајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот небесен Отец да ви ги прости вашите гревови. Ако ли, пак, вие не проштавате, и вашиот небесен Отец нема да ви ги прости гревовите ваши.« И пак дојдоа во Ерусалим; а кога одеше низ храмот, се приближија до Него првосвештениците и книжниците, и старешините, па Му рекоа: »Со каква власт го правиш тоа, и кој Ти ја дал таа власт, да го правиш тоа?« Исус им одговори и рече: »Ќе ве прашам и јас за нешто и одговорете Ми; тогаш и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам тоа. Крштавањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето? Одговорете Ми!« А тие се мислеа во себе и велеа: »Ако кажеме ‚Од небото‘ – ќе рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘ Но, ако кажеме, ‚Од луѓето‘« – се плашеа од народот; зашто сите го сметаа Јована за вистински пророк. И кога Му одговорија на Исуса, рекоа: »Не знаеме.« А Исус им одговори и рече: »Ни Јас не ви кажувам со каква власт го вршам тоа.« И почна да им говори во параболи: »Еден човек насади лозје, и го загради со плот, па ископа бунар и соѕида кула; и, откако им го предаде на лозарите, си отиде. А кога дојде времето, испрати кај лозарите еден слуга, за да го прибере од нив плодот на лозјето. Но тие го фатија слугата, го натепаа и го испратија празен. И пак испрати при нив друг слуга; и нему, со камења, му ја расцепија главата, па го отпуштија посрамен. Испрати и друг; него, пак го убија, и мнозина други, или натепаа, или пак ги убија. Па, како имаше и еден син, кој му беше мил, го испрати најпосле и него при нив, велејќи: ‚Ќе се засрамат од сина ми.‘ Но лозарите си рекоа помеѓу себе: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше.‘ И како го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето. Што ќе направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе го даде на други. Зар не сте читале во Писмото: ‚Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот: од Господа е тоа, и чудесно е во очите наши!‘« И сакаа да Го фатат, но се уплашија од народот, оти разбраа дека за нив ја кажа параболата; и кога Го оставија, си отидоа. А пратија кај Него од фарисеите и од Иродовците, за да го фатат на збор. Тие дојдоа и Му рекоа: »Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се боиш од никого, оти не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Треба ли да се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?« А Он, знаејќи ја нивната лицемерност, им рече: »Зошто Ме искушувате? Донесете Ми еден динариј да го видам!« И тие донесоа. Па им рече: »Чиј е овој лик и натпис?« Му рекоа: »На царот.« Тогаш Исус им одговори и рече: »Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!« И тие Му се чудеа. Дојдоа при Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, говорејќи: »Учителе, Мојсеј ни напиша: ‚Ако некому умре братот и остави жена, а деца не остави, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го воздигне потомството на брата си.‘ Беа седуммина браќа: првиот зеде жена и кога умре, не остави пород. Неа ја зеде вториот брат, и умре, но и тој не остави пород; исто така и третиот. Ја зедоа сите седуммина, и не оставија пород. По нив умре и жената. При воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив таа ќе биде жена? Оти седуммина ја имаа како жена.« А Исус одговори и рече: »Зар не се лажете, бидејќи не ги познавате ни Писмата, ниту силата Божја? Зашто, кога ќе воскреснат од мртвите ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, а се како ангели на небесата. А за мртвите, дека ќе воскреснат, не сте ли читале во книгата на Мојсеја, како му рече Бог при капината: ‚Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаков, и Бог Јаковов‘? Но Он не е Бог на мртвите, а Бог на живите. Вие, пак, многу се лажете.« Тогаш пристапи еден од книжниците, кој ги слушаше како се препираат и увиде дека Исус им одговараше добро, па Го запраша: »Која е прва од сите заповеди?« А Исус му одговори: »Прва од сите заповеди е: ‚Чуј, Израиле! Господ, Бог наш, е еден Господ. Затоа возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!‘ Тоа е првата заповед. А втората е слична на неа: ‚Возљуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема.« Книжникот Му рече: »Добро, Учителе. Право кажа дека Бог е еден, и дека нема друг, освен Него; и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите прилози и жртви.« Исус, пак кога виде дека умно одговори, му рече: »Не си далеку од царството Божјо.« Потоа никој веќе не смееше да Го праша. И кога одговараше Исус, поучувајќи во храмот, рече: »Како зборуваат книжниците дека Христос е син Давидов? Сам, пак, Давид кажа преку Светиот Дух: ‚Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, дури не ги положам Твоите непријатели во подножјето на нозете Твои!‘ И така, сам Давид Го нарече Господ; од каде тогаш да Му е Он син?« И многу народ Го слушаше со сладост. И им рече потоа во Својата поука: »Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат променети и да ги поздравуваат по улиците, и предни седишта во синагогите, и први места на гозбите. Тие, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат, ќе бидат потешко осудени.« Па седна Исус спроти ковчежето, и гледаше како народот пушта пари во него. Мнозина богати пуштаа многу. И кога дојде една бедна вдовица, пушти две лепти, што прават еден кодрант. А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: »Вистина, ви велам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите, што пуштија во ковчежето; зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целата своја прехрана.« А кога излегуваше од храмот, еден од учениците Негови Му рече: »Учителе, гледај какви камења и какви згради!« Исус, пак, му одговори и рече: »Ги гледаш ли овие големи згради? Ни камен на камен нема да остане овде, што не ќе биде урнат.« А кога седеше на Елеонската Гора, спроти храмот, Го прашаа насамо Петар, Јаков, Јован и Андреја: Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот, кога ќе се изврши сето тоа? Исус, одговарајќи им, почна да зборува: »Чувајте се да не ве прелаже некој. Оти мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи дека сум Јас; и ќе прелажат мнозина. А кога ќе чуете за боеви и гласови за војни, не плашете се; зашто сето тоа треба да стане; но тоа уште не е крајот. Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; а на некои места ќе има потреси, и глад, и маки. Тоа е почетокот на болките. Но вие чувајте се сами, зашто ќе ве предадат на судови; а по синагогите ќе ве бијат, и пред управници и пред цареви ќе бидете изведени заради Мене, за сведоштво пред нив. И кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието. Кога, пак, ќе ве поведат, за да ве предадат, не грижете се однапред што ќе говорите, ниту размислувајте; а она, што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух. И брат брата ќе предаде на смрт, и татко чедо, и ќе ги убијат. Ќе бидете намразени од сите заради Моето име; кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен. А кога ќе видите, ‚мерзоста на запустението‘, како што рекол пророкот Даниил, да стои каде што не треба – кој чита, нека разбере – тогаш, оние што се во Јудеја, нека бегаат по планините; и кој е на покривот, да не слегува во куќата, ниту да влегува да земе нешто од куќата своја; и кој е на нива, да не се враќа за да го земе облеклото свое! Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни! Туку молете се, бегањето ваше да не биде зиме! Зашто во тие дни ќе биде мака, каква не била досега од почетокот на светов, што го создаде Бог, а и нема да биде. И ако Бог не ги скратеше тие дни, тогаш не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра Он, ќе ги скрати дните. Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, овде е Христос‘, или ‚Ене, таму е‘, не верувајте! Зашто, ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, избраните. Но вие – чувајте се: ете, сѐ однапред ви кажав! Во тие дни, по жалоста, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите небески ќе попаѓаат, и силите, што се на небото, ќе попуштат. И тогаш ќе Го видат Синот Човечки, како иде на облаци со голема слава и сила. И Он тогаш ќе ги испрати ангелите Свои и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото. Со смоквата направете споредба: кога нејзините гранки се подмладат и пуштат лисја, знаете дека е близу летото. Па така и вие, кога ќе го видите сето тоа да станува, знајте дека е близу, пред врата! Вистина ви велам: нема да помине овој род, дури сето тоа не се збидне. Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат. А за тој ден и час никој не знае, ни ангелите небесни, ниту Синот, а само Отецот. Внимавајте, бидете будни и молете се, оти не знаете кога ќе настане времето. Како човек, кој заминувајќи, ја остава куќата своја и им дава власт на слугите свои, секому своја работа, и на вратарот му заповеда да биде буден. Бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде домаќинот на куќата, приквечер ли, или на полноќ, или петлите кога ќе пропеат, или наутро; па да не дојде ненадејно и да ве затече да спиете. А што ви зборувам вам, им го зборувам и на сите: ‚Бидете будни!‘« По два дни беше Пасха и празникот Бесквасници; а првосвештениците и книжниците сакаа да Го фатат на измама и да Го убијат; но велеа: »На празникот не, за да не стане бунт, меѓу луѓето.« А кога беше Он во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот, и седеше на трпеза, дојде една жена со шишенце скапоцено и чисто нардово миро и, кога го искрши шишенцето, го изли мирото врз главата Негова. А некои негодуваа во себе и говореа: »Зошто мирото да се растура така? Тоа можеше да се продаде за повеќе од триста динарии, и да се раздадат на сиромасите.« И негодуваа против неа. Но Исус рече: »Оставете ја неа; зошто се буните? Таа направи добро дело за Мене. Сиромасите секогаш ги имате со вас, и кога сакате, можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш. Тоа што можеше, таа го направи: испревари да го помаже телото Мое за погребение. Вистина ви велам: каде и да се проповеда ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа, што го направи таа.« Тогаш Јуда Искариотски, еден од дванаесетте, отиде кај првосвештениците, за да им Го предаде. А тие, штом чуја, се зарадуваа и ветија да му дадат сребреници. И бараше погодно време, за да Го предаде. Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: »Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш пасхата?« И прати двајца од учениците Свои, па им рече: »Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, што ќе носи вода во стомна; одете по него. И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: ‚Учителот вели: каде е собата, во која ќе ја јадам пасхата со учениците Свои?‘ И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.« И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им беше рекол, па ја приготвија пасхата. А кога се стемни, Он дојде со дванаесетте. И кога седеа и јадеа, Исус им рече: »Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.« Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да велат: »Да не сум јас?« А Он им одговори и рече: »Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чинијата. Но Синот Човечки иде, како што е напишано за Него. Само тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не беше се родил!« И кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: »Примете, јадете; тоа е Моето тело.« Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите. И им рече: »Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина. Вистина ви велам: Јас нема да пијам веќе од лозовиот плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.« Па, откако испеаја благодарствена песна, отидоа во Елеонската Гора. И им рече Исус: »Сите ќе се соблазните заради Мене во оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе го поразам пастирот и ќе се разбегаат овците‘. Но после, кога ќе воскреснам, ќе отидам во Галилеја пред вас.« А Петар Му рече: »Дури и сите да се соблазнат, јас не!« Му рече Исус: »Вистина, ти велам: дека уште денес, во оваа ноќ, пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене.« Но тој уште повеќе тврдеше: »Ако треба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.« И сите така рекоа. Пристигнаа во пределот, по име Гетсиманија; и им рече на учениците Свои: »Седете овде, додека отидам да се помолам!« И ги зеде со Себе Петра, Јакова и Јована; се замисли и почна да тагува, па им рече: »Душата Ми е смртно нажалена; останете тука и бидете будни!« И штом се оддалечи малку, падна на земја и се молеше, за да Го одмине оној час, ако е можно; и велеше: »Ава, Оче! Сѐ е можно за Тебе; отклони ја од Мене оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како – Ти.« Па дојде и ги затече да спијат, и му рече на Петра: »Симоне, спиеш ли? Не можеш ли еден час да бидеш буден? Бидете будни и молете се за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.« И пак отиде и се помоли, изговарајќи ги истите зборови. А кога се врати, ги најде пак како спијат, оти очите им беа натежнале; и не знаеја што да Му одговорат. И по третпат дојде и им рече: »Спиете само и почивате! Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници. Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава!« И веднаш, дури Он уште говореше, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу народ со мечеви и со стапови, испратен од првосвештениците, книжниците и старешините. А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: »Кого ќе Го целивам, Он е: фатете Го и водете Го претпазливо!« Па, кога дојде, веднаш се приближи до Него и рече: »Радувај се, Рави!« И Го целива. А тие ги кладоа рацете свои на Него и Го фатија. Еден, пак, од оние, што стоеја таму, извади нож, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото. Исус им одговори и рече: »Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите? Секој ден бев во храмот и поучував и не Ме фативте. Но нека се исполнат Писмата.« И тогаш, кога Го оставија, сите се разбегаа. А по Него врвеше еден млад човек, наметнат со платниште на голо тело; и војниците го фатија. Но тој, кога го остави платништето, побегна од нив необлечен. И Го доведоа Исуса при првосвештеникот, и се собраа таму сите првосвештеници, старешини и книжници. А Петар врвеше по Него оддалеку и влезе внатре, во дворот на првосвештеникот; па седна со слугите и се грееше на огнот. Првосвештениците и целиот Синедрион бараа сведоштва против Исуса, за да Го убијат, и не наоѓаа. Зашто мнозина лажно сведочеа против Него, и тие сведоштва не беа еднакви. И станаа некои, па сведочеа лажно против Него, велејќи: »Чувме дека Он говореше: ‚Ќе го урнам овој ракотворен храм и по три дни ќе соѕидам друг, неракотворен‘«. Но ни тоа нивно сведочење не беше еднакво. И првосвештеникот, откако застана на средина, Го праша Исуса, говорејќи: »Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?« Но Он молчеше и ништо не одговараше. Првосвештеникот пак Го праша и Му рече: »Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?« Исус рече: »Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на силата и како иде на облаците небески.« А првосвештеникот, пак, штом ја раскина облеката своја, рече: »Зошто ни се повеќе сведоци? Чувте како хули на Бога; како ви се чини?« И сите се согласија дека заслужува смрт. А некои почнаа да плукаат на Него, да му го покриваат лицето, да Го бијат и да Му велат: »Проречи!« И Слугите Го удираа по образите. Кога Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на првосвештеникот, па, штом го виде Петра како се грее, погледна во него и рече: »И ти беше со Исуса Назареецот.« Но тој одрече, велејќи: »Не знам, ниту разбирам што говориш.« И излезе надвор пред дворот; и запеа петел. Слугинката, кога го виде повторно, почна да им зборува на оние што стоеја таму: »И овој е од нив.« Тој пак одрече. Подоцна, оние, што стоеја таму, му рекоа на Петра: »Навистина, и ти си еден од нив; бидејќи си Галилеец, а и говорот ти е таков.« А тој почна да се колне и се заколна: »Не Го познавам Овој Човек, за Кого говорите.« И по вторпат петел запеа. Петар се сети на зборовите, што му ги кажа Исус: »Уште пред двапати петел да запее трипати ќе се одречеш од Мене.« И почна да плаче. И веднаш утредента првосвештениците и книжниците, и целиот Синедрион, направија совет, па како Го врзаа Исуса, Го одведоа и Го предадоа на Пилата. А Пилат Го праша: »Ти ли си Царот Јудејски?« Он одговори и рече: »Ти велиш.« И првосвештениците Го обвинуваа многу. Но Он не одговори ништо. А Пилат пак Го праша и рече: »Ништо ли не одговараш? Гледаш колку многу сведочат против Тебе!« Но Исус ништо веќе не одговори, така што Пилат се чудеше. А на секој празник им отпушташе по еден осуденик, кого што ќе го побараа. И беше еден осуден, по име Варава, заедно со придружниците, што во една буна извршиле убиство. И кога извика народот, почна да го моли Пилата да им го направи она, што им го правел секогаш. А тој им одговори и рече: »Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?« Оти знаеше дека првосвештениците Го беа предале од завист. Но првосвештениците го наговорија народот да бара да им го пушти Варава. Пилат, пак, им одговори и рече: »Што сакате да направам со Оној, што Го именувате Цар Јудејски?« Тие одново извикаа, велејќи: »Распни Го!« Пилат им рече: »Што зло направил?« Но тие уште посилно извикаа: »Распни Го!« Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава; а Исуса Го бичува и Го предаде да Го распнат. Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и повикаа цела чета, па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата; и почнаа да Го поздравуваат: »Радуј се, Царе Јудејски!« И Го биеја по главата со трска и плукаа на Него; паѓајќи на колена, и Му се клањаа. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му го облекоа Неговото облекло и Го поведоа на Го распнат. И го натераа некој си Симон Киринеец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да му го носи крстот. Па Го одведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи. И Му дадоа да пие вино со смирна, но Он не зеде. Тие што Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждреб, кој што да земе. Беше третиот час, и Го распнаа. И имаше натпис за вината Негова: »Цар Јудејски.« А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната Негова страна, а другиот од левата. И се исполни Писмото, кое вели: »И меѓу грешници Го ставија.« А минувачите, вртејќи со глава, Го хулеа и велеа: »Аха! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси Себеси и слези од крстот!« Исто така и првосвештениците заедно со книжниците му се смееја и велеа: »Другите ги спасуваше, а Себе не може да се спаси. Христос, Царот Израилев, нека слегне сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!« Го хулеа и распнатите со Него. А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час. И во деветтиот час Исус извика гласно, велејќи: »Елои, Елои, Лама савахтани?« А тоа значи: »Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?« Некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: »Ете, го вика Илија.« А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па како го закачи на трска, Му даваше да пие, велејќи: »Почекајте да видиме, ќе дојде ли Илија да Го симне?« Исус, пак, кога испушти висок глас, издивна. И црковната завеса се расцепи на две, одозгора додолу. А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Он, откако извика така издивна, рече: »Навистина Овој Човек бил Син Божји!« А имаше и жени што гледаа оддалеку; меѓу нив беше и Марија Магдалина, и Марија, мајката на малиот Јаков и на Јосија, и Саломија, кои и тогаш, кога Он беше во Галилеја, врвеа по Него и Му служеа, и многу други што беа дошле со Него во Ерусалим. А кога се стемни веќе, бидејќи беше петок, односно спроти сабота, дојде Јосиф од Ариматеја, прочуен член на советот, кој и сам го очекуваше царството Божјо, се осмели и влезе при Пилата и го помоли за телото Исусово. Пилат се зачуди дека Он веќе умрел: и кога го извика стотникот, го праша дали одамна умрел. Па штом узна од стотникот, му го даде телото на Јосифа. А Јосиф купи плаштаница, Го симна и Го обви во плаштаницата и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа; и навали камен на гробната врата. А Марија Магдалина и Марија Јосиева гледаа, каде Го полагаат. Штом мина сабота, Марија Магдалина, Марија Јаковова и Саломија купија мириси, за да дојдат и Го помажат Исуса. И во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгреваше сонцето, па си зборуваа помеѓу себе: »Кој ќе ни го одвали каменот од вратата на гробот?« И кога погледнаа, видоа дека каменот е одвален, а тој беше многу голем. Штом влегоа во гробот, видоа еден млад човек, облечен во бели алишта, како седи од десната страна; и се уплашија многу. А тој им рече: »Не бојте се! Вие Го барате Исуса Назареецот, Распнатиот. Он воскресна, не е овде. Еве го местото каде што беше положен. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петра, дека Он пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол.« Па, штом излегоа, побегнаа од гробот, зашто ги опфати страв и ужас, и никому ништо не рекоа, оти се боеја. А Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалина, од која беше истерал седум демони. Таа отиде и им јави на оние, што беа со Него и што плачеа и ридаа; но тие, кога чуја дека е Он жив, и дека таа Го видела, не поверуваа. Потоа се јави во друг вид на двајца од нив по пат, кога одеа в село. И штом се вратија, тие им кажаа на другите; но и ним не им поверуваа. Најпосле им се јави на единаесетте, кога беа на трпеза, и ги укори за нивното неверие и жестокосрдечност, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат. Па им рече: »Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден. А знаците, на оние што ќе поверуваат, ќе им бидат овие: со Моето име ќе истеруваат бесови; ќе говорат нови јазици; ќе фаќаат змии и ако нешто смртоносно испијат, нема да им навреди; на болни ќе полагаат раце и тие ќе оздравуваат.« А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го поткрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа. Амин! Бидејќи мнозина почнаа да пишуваат за настаните, што се случија меѓу нас, како што ни ги предадоа оние, кои уште од почетокот беа очевидци и служители на словото, намислив и јас, откако испитав сѐ од почетокот, да ти опишам точно по ред, честити Теофиле, за да ја разбереш основата на учењето, на кое си се учел. Во деновите на Ирода, царот Јудејски, живееше еден свештеник по име Захарија, од редот Авијанов; а жена му беше од ќерките Аронови и се викаше Елисавета. И обајцата беа праведни пред Бога, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови без погрешка. Тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна; а обајцата беа веќе стари. Еднаш, кога тој служеше пред Бога по својот ред, според обичајот на свештениците, нему му се падна ждреб да влезе во храмот Господов и да покади. А целиот народ се молеше однадвор, за време на кадењето. Тогаш му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник. Захарија се уплаши кога го виде, и страв го опфати. Но ангелот му рече: »Не бој се, Захарија, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован. И ќе бидеш радосен и весел, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање. Зашто тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие вино ни сикер, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си; и многу Израилеви синови ќе ги врати кон нивниот Господ Бог; и тој ќе врви пред Него во духот и силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон децата, и непокорните – кон разумот на праведните, па да Му приготви на Господа народ совршен.« И му рече Захарија на ангелот: »По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе доста возрасна.« Ангелот му одговори и рече: »Јас сум Гавриил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и да те известам за оваа радост; и ете, ти ќе онемиш и не ќе можеш да говориш до оној ден, кога ќе се исполни тоа, оти не поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.« Народот го чекаше Захарија и се чудеше што се забави во храмот. А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и разбраа дека имал видение во храмот; тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем. И штом изминаа деновите на неговата служба, тој се врати дома. По тие дни зачна неговата жена Елисавета и таеше пет месеци, велејќи: Така ми направи Господ во деновите, во кои ме погледа, за да го отстрани укорот меѓу луѓето. А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гавриил во галилејскиот град, по име Назарет, при една девојка, свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката ѝ беше Марија. И кога влезе ангелот при неа, рече: »Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!« А таа, штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли: »Каков е овој поздрав?« И ѝ рече ангелот: »Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај.« А Марија му рече на ангелот: »Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?« »Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец; зашто нема да остане во Бога ниеден збор без сила.« Марија, пак, рече: »Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!« И ангелот си отиде од неа. А Марија, како стана во тие дни, отиде набргу во ридскиот крај, во градот Јудин; па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета. Штом го чу Елисавета поздравот на Марија, заигра младенецот во утробата нејзина; и Елисавета се исполни со Дух Свети, па извика гласно и рече: »Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И откаде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ? Зашто, ете, кога пристигна гласот од твојот поздрав до ушите мои, радосно заигра младенецот во утробата моја. И блажена е таа, која поверува, зашто ќе се исполни она, што ѝ рекол Господ.« И рече Марија: »Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледа смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови; зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име; и милоста Негова е од колено на колено за оние, што се бојат од Него. Он покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние, што се гордеат со мислите во срцата свои; ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените; гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни; го прифати Израилот, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста, како што им зборуваше на татковците наши, на Авраама и на семето негово довека.« И остана Марија со неа околу три месеци, па се врати дома. А на Елисавета ѝ дојде времето да роди, и таа роди син. И чуја оние, што живееја околу, и роднините нејзини, дека ја увеличил Господ Својата милост над неа, и се радуваа со неа. На осмиот ден дојдоа да го обрежат младенецот, и сакаа да му го дадат името на татка му Захарија. Но мајка му одговори и рече: »Не, туку да се нарече Јован!« Ѝ рекоа нејзе: »Никој нема во твојот род, кој се вика со такво име.« И го прашаа со знаци татка му, како би сакал да го наречат. Тој побара штичка и ги напиша зборовите: »Јован му е името.« И сите се зачудија. И веднаш му се одврзаа устата и јазикот негов, и зборуваше, благословувајќи Го Бога. И се уплашија сите што живееја околу; и прикажуваа за сето тоа по целиот крај Јудејски. Сите, што чуја, го зедоа тоа при срце и велеа: »Што ли ќе стане од тоа дете?« И раката Господова беше со него. А Захарија, татко му, се исполни со Дух Свети и пророкуваше, говорејќи: »Благословен е Господ, Бог Израилев, оти го посети и избави народот Свој; и подигна рог за нашето спасение, во домот на Давида, Својот слуга; како што говореше преку устата на своите свети пророци од векот, дека ќе нѐ избави од непријателите наши и од рацете на сите што нѐ мразат; за да ја пројави Својата милост над татковците наши и да се сети на светиот завет Свој, на клетвата, со која му се заколна на Авраама, нашиот татко; оти ќе даде, штом нѐ избави од непријателите наши, без страв да Му служиме, во светост и правда пред Него, преку целиот наш живот. А ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа за да Му ги приготвиш патиштата Негови; и да го вразумиш народот Негов за спасение, преку проштавање на гревовите нивни, заради големата милост на нашиот Бог, со која нѐ посети Исток од висините, за да ги просвети оние, што седат во темнина и сенка смртна, и да ги упати нозете наши по патот на мирот.« А детето растеше и крепнеше со духот, и остана во пустина до денот, кога им се јави на Израилците. Во тие дни излезе заповед од ќесарот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за управувањето на Квириниј во Сирија. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град. Отиде и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, свршената за него жена, која не беше празна. А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, оти за нив немаше место во гостилница. Имаше пастири во тој крај, кои ноќеваа таму и го чуваа своето стадо. И одеднаш се јави ангел Господов меѓу нив и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу. А ангелот им рече: »Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли.« И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја! Кога си отидоа ангелите од нив на небо, пастирите си рекоа помеѓу себе: »Да отидеме во Витлеем и да видиме што станало таму, за кое ни соопшти Господ.« И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосифа, и Младенецот како лежи во јасли. А штом видоа, кажаа сѐ што им беше речено за Тоа Дете. И сите, што чуја, се восхитуваа на сето она што им расправаа пастирите. А Марија ги пазеше сите тие зборови, слагајќи ги во срцето свое. И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Бог за сѐ она што чуја и видоа, како што им беше речено. А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата. И кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според законот на Мојсеја, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господа, како што е напишано во Законот Господов, дека секое машко дете, кое прво ќе ја отвори утробата, да се посвети на Господа; и да се принесе жртва, како што е речено во Законот Господов, две грлици или две гулапчиња. А во Ерусалим живееше тогаш еден човек по име Симеон; и тој човек беше праведен и благочестив; и ја очекуваше утехата Израилева; и Светиот Дух беше во него. Нему Светиот Дух му беше прорекол оти нема да види смрт, дури не Го види Христа Господов. И дојде по вдахновение во храмот. Па, кога родителите Го донесоа Младенецот Исуса за да го извршат над Него обичајот, според Законот, тој Го зеде во своите раце, Му благодари на Бога и рече: »Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот.« А Јосиф и мајка Му се чудеа на она што се зборуваше за Него. Па ги благослови Симеон и ѝ рече на Марија, мајката Негова: »Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, А и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата за да се откријат мислите на многу срца.« Таму беше и пророчицата Ана, ќерката Фануилова, од Асировото колено; и беше многу остарела, а со мажот проживеала само седум години, по моминството свое. Таа беше вдовица на околу осумдесет и четири години и не се отстрануваше од храмот, служејќи Му на Бога со пост и молитва, дење и ноќе. Во тој час пристапи и таа, и почна да Го слави Господа и им прикажуваше за Него на сите, што чекаа спасение во Ерусалим. И кога извршија сѐ по Законот Господов, се вратија во Галилеја, во градот свој Назарет. А Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со премудрост; и благодатта Божја беше врз Него. И секоја година родителите Негови одеа во Ерусалим на празникот Пасха. А кога он беше на дванаесет години, тие пак отидоа по обичајот во Ерусалим; но при враќањето, кога се завршија празничните денови, Младенецот Исус остана во Ерусалим; а Јосиф и мајка Му не го забележаа тоа. Мислејќи дека е Он со друштво, измина еден ден пат и Го побараа меѓу роднините и познатите. Па, како не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат. По три дни Го најдоа во храмот како седи меѓу учители, ги слуша и ги прашува; сите што Го слушаа, се восхитуваа на Неговиот разум и на Неговите одговори. Кога Го видоа, се зачудија; и мајка Му рече: »Синко, што ни направи така? Ете, татко Ти и јас се измачивме, барајќи Те.« А Он рече: »Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Отец?« Но тие не ги разбраа зборовите што им ги кажа Он. И слезе со нив, па дојде во Назарет; и им беше послушен. А мајка Му ги пазеше сите тие зборови во срцето свое. Исус, пак, напредуваше во премудроста и возраста, и во благодатта пред Бога и кај луѓето. Во петнаесеттата година од владеењето на ќесарот Тибериј, кога Понтиј Пилат беше управител во Јудеја, а Ирод – четворовласник над Галилеја, и Филип брат му, четворовласник во Итуреја и Трахонитската област, и Лисаниј – четворовласник во Авилинија, при првосвештениците Ана и Кајафа, му рече Бог на Јована, синот Захариев, во пустината. И тој го обиколи целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите, како што е напишано во Книгата, според зборовите на пророкот Исаија, кој вели: »Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господа и рамни правете ги патеките Негови; секоја долина нека се исполни и секоја планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамните патишта нека се израмнат, и секое тело ќе го види спасението Божјо!« А на луѓето, што доаѓаа при него да ги крсти, им велеше: »Породи змиини, кој ве научи да бегате од гневот што иде? Но родете плодови достојни за покајание и не почнувајте да зборувате во себе: ‚Го имаме таткото Авраама!‘ Зашто ви велам, дека Бог може и од овие камења да издигне чеда на Авраама. Оти веќе и секирата стои кај коренот на дрвјата; и секое дрво, што не дава добар плод, се сече и фрла во оган.« И го прашаа луѓето, велејќи: »Тогаш што треба да правиме?« А тој им одговори и рече: »Кој има две облеки, нека му даде на оној што нема; а кој има храна, нека го прави истото.« Дојдоа и митници да се крстат од него и му рекоа: »Учителе, што да правиме?« А тој им рече: »Не барајте повеќе, отколку што е определено.« Го прашаа и некои војници, говорејќи: »А што да правиме ние?« И им рече: »Никого не присилувајте, никого не клеветете, и бидете задоволни со вашите плати.« А на луѓето што чекаа и си помислуваа во срцата свои за Јована да не е тој Христос, Јован им одговараше на сите, велејќи: »Јас ве крштавам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ремчињата на обувките Негови: Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган. Нему му е лопатата во раката Негова и Он ќе го очисти гумното Свое, и ќе го собере житото во житницата Своја, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.« И уште многу друго му проповедаше на народот, утешувајќи го. А Ирод четворовласникот, укорен од него заради Иродијада, жената на брата му, и заради сите лоши работи што ги беше направил, покрај сето тоа уште и го затвори Јована во темница. А кога се крсти сиот народ, и кога Исус, по крштавањето, се помоли на Бога, се отвори небото, и Светиот Дух слезе на Него во телесен вид, како гулаб, и се чу глас од небото, кој велеше: »Ти си Мојот возљубен Син, во Тебе е Мојата волја.« Кога почна Исус да проповеда имаше околу триесет години и беше, како што мислеа, син Јосифов, Илиев, Мататов, Левиин, Малхиев, Јанаев, Јосифов, Мататиев, Амосов, Наумов, Еслимов, Нагеев, Маатов, Мататиев, Семеиев, Јосифов, Јудин, Јоананов, Рисаев, Зоровавелов, Салатиилев, Нириев, Мелхиев, Адиев, Косамов, Елмодамов, Иров, Јосиев, Елиезеров, Јоримов, Мататов, Левиин, Симеонов, Јудин, Јосифов, Јоананов, Елијакимов, Мелеаев, Маинанов, Мататаев, Натанов, Давидов, Јесеев, Овидов, Воозов, Салмонов, Наасонов, Аминадавов, Арамов, Есромов, Фаресов, Јудин, Јаковов, Исаков, Авраамов, Тарин, Нахоров, Серухов, Рагавов, Фалеков, Еверов, Салин, Каинанов, Арфаксадов, Симов, Ноев, Ламехов, Матусалов, Енохов, Јаредов, Малелеилов, Каинанов, Еносов, Ситов, Адамов, Божји. Исполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустина. Четириесет дена Го искушуваше ѓаволот, и ништо не јаде во тие дни; а кога изминаа тие, најпосле огладне. И Му рече ѓаволот: »Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.« А Исус му одговори и рече: »Напишано е дека не само со леб ќе живее човекот, туку и со секој збор Божји.« И кога Го одведе на една висока планина, ѓаволот Му ги покажа наеднаш сите царства во светот. И Му рече ѓаволот: »Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт, и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам. Ако ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое.« Но Исус му одговори и рече: »Бегај од Мене, сатано, оти е напишано: ‚На Господа, Твојот Бог, клањај Му се и само Нему служи Му!‘« И Го одведе во Ерусалим, и Го постави на храмовиот покрив, па Му рече: »Ако си Син Божји, фрли се одовде долу! Зашто е напишано: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе, да Те запазат; и на раце ќе Те земат, да не би некако да ја сопнеш ногата Своја на камен‘.« И Исус му одговори и рече: »Кажано е: ‚Не искушувај Го Господа, својот Бог!‘« Па како заврши ѓаволот со сите искушенија, отиде од Него за некое време. И се врати Исус во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај. А Он поучуваше по синагогите нивни, прославуван од сите. И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, па застана да чита. Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Он, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано: Духот Господов е врз Мене; затоа Ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да ги исцелам сокрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените; да ја проповедам благопријатната година Господова! И кога ја затвори книгата и му ја даде на слугата, седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него. И почна да им говори: »Денес се исполни ова Писмо, што го чувте.« И сите Му посведочија, и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови, што излегуваа од устата Негова, и велеа: »Не е ли Овој синот на Јосифа?« А Он им рече: »Секој од вас сигурно ќе Ми приговори: ‚Лекаре, излекувај се Сам! Направи го и овде, во Твојот роден крај, она, што чувме дека се случило во Капернаум.‘« Па им рече: »Вистина ви велам: ниеден пророк не е мил во земјата своја. Навистина ви кажувам: имаше многу вдовици во Израилот, во деновите на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја; и при ниедна од нив не беше пратен Илија, но само кај вдовицата во Сарепта Сидонска; и мнозина беа лепрозни во Израилот, при пророкот Елисеј, и ниеден од нив не се очисти, освен Сириецот Нееман.« А кога го чуја тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев; па како станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора. Но Он си помина меѓу нив и си отиде. И слезе во Капернаум, во градот Галилејски, и ги поучуваше во саботните денови. И се чудеа на Неговата наука, зашто словото Му беше со власт. Во синагогата се наоѓаше еден човек, во кого имаше нечист бесовски дух, и тој извика гласно: О, што имаш со нас, Ти, Исусе Назарејче? Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам кој си, Ти си Светец Божји. А Исус му забрани, говорејќи: »Молкни и излези од него!« Па откако го кутна насреде, бесот излезе од него и ништо лошо не му направи. И сите се уплашија, и расудуваа, говорејќи меѓу себе: »Какви се овие зборови, со власт и сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат?« Па се разнесе глас за Него по сите околни места. Штом излезе од синагогата, влезе во куќата Симонова; а бабата на Симона имаше силна треска, и Го помолија за неа. И како застана над неа, Он ја отстрани треската, и таа ја остави; и жената веднаш стана и им служеше. И на зајдисонце, сите, што имаа болни од разни болести, ги доведуваа при Него; а Он, возлагајќи раце над секого од нив, ги исцелуваше. Од мнозина излегуваа бесови со викање, и велеа: »Ти си Христос, Син Божји!« А Он забрануваше и не им позволуваше да кажуваат, оти знаат дека е Он Христос. Кога се раздени, Он излезе и отиде на осамено место, а луѓето Го бараа па, кога дојдоа при Него, Го задржуваа да не си оди од нив. А Он им рече: »И на другите градови треба да им соопштам радосна вест за царството Божјо, оти за тоа сум пратен.« И проповедаше по синагогите галилејски. Еднаш, кога народот се притискаше кон Него за да го чуе словото Божјо, Он стоеше покрај Генисаретското Езеро. Тогаш виде два кораба, што стоеја покрај езерото; а рибарите, излегле од нив, си ги плавеа мрежите. Како влезе во еден од корабите, кој беше на Симона, го замоли да се оддалечи малку од брегот, па седна и го поучуваше народот од коработ. А штом престана да говори, му рече на Симона: »Заплови во подлабоко и фрлете ги мрежите свои за лов!« Но Симон Му одговори и рече: »Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата.« И штом го направија тоа, тие уловија голема количина риба, та дури и мрежата им се скина. Им дадоа знак на другарите, што беа во другиот кораб, да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба така, што за малку ќе потонеа. А кога го виде тоа, Симон Петар падна пред нозете Исусови и Му рече: »Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!« Зашто беше влегол страв во него, и во сите што беа со него, од тој лов на риби, што ги уловија; а исто така и во Јакова и Јована, синовите Зеведееви, кои му беа другари на Симона. И му рече Исус на Симона: »Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе!« Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сѐ и тргнаа по Него. А кога беше Исус во еден град, дојде некој човек сиот лепрозен, и штом Го виде Исуса, падна ничкум и молејќи Му се, рече: »Господи, ако сакаш можеш да ме очистиш.« Исус протегна рака, се допре до него и рече: »Сакам, очисти се!« И веднаш лепрата падна од него. И му заповеда никому да не кажува; и му рече: »Оди и покажи му се на свештеникот, и принеси дар за очистувањето твое, како што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво!« Но уште повеќе се разнесуваше глас за Него и многу народ доаѓаше да Го слуша и да ги лекува болните нивни. А Он се повлекуваше во осамени места и се молеше. Еден ден, додека Он поучуваше, седеа таму фарисеи и законоучители, кои беа дошле од сите села на Галилеја и Јудеја, и од Ерусалим; а Он имаше сила Господова да лекува. И, ете, некои донесоа на постела еден човек, што беше фатен, и сакаа да го внесат и положат пред него; па, како не најдоа место од каде да го внесат поради народот, се качија на куќата и преку покривот го спуштија сосе постелата насреде пред Исуса. А Он, штом ја виде верата нивна, рече: »Човеку, ти се простуваат гревовите!« Книжниците, пак, и фарисеите почнаа да размислуваат и да велат: »Кој е Овој што хули на Бога? Кој може да ги простува гревовите, освен единиот Бог?« А Исус, кога ги разбра нивните помисли, им одговори и рече: »Што размислувате во срцата свои? Што е полесно да се каже: ‚Ти се простуваат гревовите,‘ или да кажам: ‚Стани и оди‘? Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите« – па му рече на фатениот: »Тебе ти велам: стани, земи си ја постелата и оди си дома!« И тој веднаш стана пред нив и си го зеде она, на кое лежеше, па си отиде дома, славејќи Го Бога. Ужас ги опфати сите и Го славеа Бога; па, како се исполнија со страв, говореа: »Чудни работи видовме денес!« А потоа излезе Исус и виде еден митник, по име Левиј, кој седеше на митницата, и му рече: »Врви по Мене!« Тој остави сѐ, стана и тргна по Него. И во својот дом Левиј Му приготви голема гозба; а таму имаше многу митници и други, што седеа на трпезата со нив. Книжниците, пак, и фарисеите негодуваа против Него и им говореа на учениците Негови: »Зошто со митници и грешници јадете и пиете?« Исус им одговори и рече: »Здравите немаат потреба од лекар, но болните; не сум дошол да ги повикам праведните на покајание, туку грешните.« А тие Му рекоа: »Зошто учениците Јованови постат често и се молат, како и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?« Он им рече: »Зар можете да ги натерате сватовите да постат, додека е со нив младоженецот? Но ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш, во тие дни, ќе постат.« Им ја кажа и оваа парабола: »Никој не пришива на стара облека крпа од нова облека; оти и новата ќе се отпара, а и на старата не ѝ прилега нова крпа. И никој не налива ново вино во стари мевови; зашто новото вино ќе ги расцепи мевовите, и тоа ќе истече, а и мевовите ќе се упропастат; но ново вино треба да се става во нови мевови; па така ќе се запази и едното и другото. И никој, откако пил старо вино, нема да побара ново; оти вели: ‚Старото е подобро.‘« Во првата сабота, по вториот ден од Пасха, намисли да мине преку нивјата и учениците Негови кинеа класје и, триејќи ги со раце, јадеа. А некои од фарисеите им рекоа: »Зошто го правите тоа, што не бива да се прави во сабота?« Исус им одговори и рече: »Зар не сте читале што направи Давид, кога огладне сам тој и оние што беа со него? Како влезе во домот Божји, ги зеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде никој освен свештениците, па јадеше, и им даде на оние, што беа со него!« И им рече: »Синот Човечки е господар и на саботата.« Потоа, пак, и другата сабота влезе во синагогата и поучуваше; а таму имаше еден човек, кому десната рака му беше исушена. Книжниците и фарисеите гледаа на Него, дали ќе го излекува во сабота, за да Го обвинат. Но Он, знаејќи ги нивните помисли, му рече на човекот со исушената рака: »Дигни се и застани насреде!« И тој се дигна и застана, Тогаш им рече Исус: »Ќе ве запрашам: што е позволено да прави човек во сабота – добро или зло? Да спаси ли една душа или да ја погуби?« А тие молчеа. Па, откако ги изгледа сите му рече на човекот: »Протегни ја раката своја!« Тој направи така; и раката му стана здрава како другата. А оние се разгневија многу и се советуваа помеѓу себе, што да Му направат на Исуса. Тие денови се искачи на една гора, за да се помоли, и ја помина целата ноќ во молитва кон Бога. А кога настана ден, ги повика учениците Свои и од нив избра дванаесет, кои ги нарече и апостоли: Симона, кому што му даде и име Петар, и брата му Андреја, Јакова и Јована, Филипа и Вартоломеја, Матеја и Тома, Јакова Алфеев и Симона, наречен Зилот, Јуда Јаковов и Јуда Искариот, кој Го и предаде. Па како слезе заедно со нив, Он се задржа на едно рамно место; беа таму и мнозина Негови ученици и многу луѓе од цела Јудеја и Ерусалим, и од приморјето Тирско и Сидонско, кои беа дошле да Го чујат и да се исцелат од болестите свои, како и оние што страдаа од нечисти духови; и се излекуваа. И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите. А Он, како ги подигна очите кон учениците Свои, им говореше: »Блажени сте вие, сиромашните, зашто ваше е царството Божјо! Блажени сте вие, што сега гладувате, оти ќе се наситите! Блажени сте вие, кои сега плачете, оти ќе се насмеете! Блажени ќе бидете, кога ќе ве намразат луѓето, и ќе ве одделат и похулат, и го исфрлат името ваше како лошо, заради Синот Човечки! Зарадувајте се во оној ден и развеселете се, оти голема е наградата ваша на небесата. Зашто така постапуваа со пророците и нивните татковци! Но тешко вам, богати, зашто веќе сте ја примиле својата утеха! Тешко вам, преситени сега, оти ќе огладните! Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете! Тешко вам, кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто така им правеа на лажните пророци и нивните татковци! Но вам, што слушате, ви велам: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат; благословувајте ги оние што ве навредуваат! На оној, што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној, што сака да ти ја земе горната облека, подај му ја и кошулата. Секому, кој ти бара, подај; а од оној, што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати! Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив! И ако ги сакате оние, што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние, што ги сакаат нив. И ако им правите добро на оние, што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Оти и грешниците го прават тоа. И ако им давате заем на оние, од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници, за да им се врати истото. Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто и Он е добар кон неблагодарните и кон лошите. И така, бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец. Не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштавајте и ќе ви биде простено; давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполнета ќе ви дадат в раце; оти со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.« И им кажа парабола: »Може ли слепец слепец да води? Не ќе паднат ли обајцата во јама? Нема ученик поголем од својот учител; но секој, што ќе се усоврши, ќе биде како и учителот негов. И зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја забележуваш? Или, како можеш да му кажеш на својот брат: позволи, брате, да ти ја извадам раската од окото твое, кога сам не ја гледаш гредата во своето око? Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си. Оти, нема добро дрво што дава лош плод, ниту лошо дрво, што дава добар плод. Секое, пак, дрво се познава според својот плод; бидејќи не се берат смокви од трње, ниту се бере грозје од капина. Добриот човек од доброто сокровиште на своето срце изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште на своето срце изнесува лошо; оти, од преполнето срце зборува устата негова. И зошто ми велите: ‚Господи, Господи!‘ а не го извршувате она што ви го кажувам? Секој што иде при Мене и ги слуша зборовите Мои, и ги исполнува, ќе ви кажам на кого прилега. Тој прилега на човек, кој прави куќа, па ископа и продлабочи, и постави темели на камен; а кога настана наводнение, реката напна на таа куќа и не можеше да ја помести, оти беше основана на камен. А оној што слуша и не исполнува, прилега на човек, што направил куќа на земја, без темели; и кога напна реката, веднаш ја урна, и паѓањето на таа куќа беше големо.« И кога ги заврши зборовите Свои кон народот, што слушаше, Он влезе во Капернаум. Слугата на еден стотник беше тешко болен, на умирање; а многу го сакаше. Па како чу за Исуса, ги прати при Него старешините јудејски, молејќи Го да дојде и да го излекува слугата негов. А тие, штом дојдоа при Исуса, Го молеа усрдно и велеа: »Достоен е да му го направиш тоа, оти го сака нашиот народ, и синагогата тој ни ја направи.« И тргна Исус со нив. А кога беа веќе близу до куќата, стотникот ги прати пријателите свои при Него, говорејќи: »Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив; затоа и сам себе не се најдов достоен да дојдам при Тебе, туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави; оти и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ – и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ – и тој доаѓа; и на слугата свој: ‚Направи тоа!‘ – и тој прави.« Штом го чу тоа, Исус се зачуди и кога се заврте кон народот, што врвеше по Него, рече: »Ви велам, ни во Израилот не најдов толку голема вера!« Испратените кога се вратија, го најдоа болниот слуга здрав. И се случи потоа да оди во градот наречен Наин; и со Него одеа мнозина Негови ученици и многу народ. А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа. Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: »Не плачи!« И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Он рече: »Момче, тебе ти велам, стани!« Мртовецот стана и седна, и почна да зборува; и Он го предаде на мајка му. И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: »Голем пророк се јави меѓу нас« и »Бог го посети Својот народ.« И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина. И му соопштија на Јована учениците негови за сето тоа. Јован, пак, повика двајца свои ученици и ги испрати при Исуса, говорејќи: »Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?« И кога дојдоа при Него, тие Му рекоа: »Јован Крстител нѐ прати при Тебе, велејќи: ‚Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?‘« Во тој час Он исцели мнозина од болести, и од рани, и од зли духови, и на мнозина слепи им подари вид. И им одговори Исус и рече: »Одете и кажете му на Јована што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедни им се проповеда Евангелието; и блажен е оној, кој не ќе се соблазни поради Мене.« А кога си отидоа учениците Јованови, Он почна да му зборува на народот за Јована: »Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што се лулее на ветар? Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние, што се облекуваат убаво и живеат богато, по царски палати се. Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, Јас ви велам, и повеќе од пророк. Овој е, за кого што е напишано: ‚Ете, Јас го испраќам пред лицето Твое ангелот Мој, што ќе го приготви патот Твој пред Тебе.‘ Оти ви велам: меѓу родените од жени нема ниеден поголем пророк од Јована Крстител; но најмалиот во царството Божјо е поголем од него.« И сите луѓе, што слушаа, па и митниците, Му благодареа на Бога дека се беа крстиле со крштавањето Јованово; а фарисеите и закониците го отфрлија советот Божји за нив, и не се крстија со него. И рече Господ: »Со кого да ги споредам луѓето од овој род? И кому се слични? Тие личат на деца што седат по пазариштата и викаат едно на друго, велејќи: ‚Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте!‘ Зашто, дојде Јован Крстител, кој ниту леб јаде, ниту вино пие, а вие велите: ‚Бес има.‘ Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: ‚Еве човек што многу јаде и пие, пријател на митниците и грешниците!‘ И се оправда Премудроста од сите свои чеда.« Еден од фарисеите Го помоли да јаде со него; и Он, кога влезе во куќата на фарисејот, седна на трпеза. И ете, една жена од градот, која беше грешница, штом чу дека Он седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе алабастрен сад со миро; па, како застана при нозете Негови одзади, плачејќи, почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро. А кога го виде тоа фарисејот, што Го беше поканил, рече во себе, велејќи: »Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, што се допира до Него, оти таа е грешница.« Му одговори Исус и рече: »Симоне, имам нешто да ти кажам.« А тој одврати: »Учителе, кажи!« Исус му рече: »Двајца му беа должни на еден заемодавец: едниот му должеше петстотини динарии, а другиот педесет. Но, бидејќи немаа да му вратат, тој им прости на обајцата. Кажи Ми, кој од нив повеќе ќе го милува?« Симон одговори и му рече: »Мислам оној, кому повеќе му прости.« А Он му рече: »Право пресуди.« И кога се сврте кон жената, му рече на Симона: »Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти ни вода за нозете не Ми даде, а таа со солзи Ми ги обли нозете и со косата своја ги истри. Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ги целива нозете Мои. Ти со миро не ја помаза главата Моја, а таа со миро ги помаза нозете Мои. Затоа ти велам: нејзе ѝ се простуваат многу гревови, оти Ме возљуби многу; а кому малку се проштава, и љубов мала има!« Нејзе, пак, ѝ рече: »Ти се простуваат гревовите!« А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: »Кој е Овој што и гревови проштава?« На жената, пак, ѝ рече: »Верата твоја те спаси; оди си со мир!« Потоа Он одеше по градовите и селата, проповедајќи го царството Божјо; а со Него беа дванаесетте, и некои жени, што беа излекувани од зли духови и болести: Марија, наречена Магдалина, од која беа излегле седум демони; и Јоана, жената на Хуза, настојникот Иродов, и Сусана, и многу други, кои Му служеа со своите имоти. А кога се собра многу народ, и кога жителите од сите градови приоѓаа кај Него, Он ја кажа оваа парабола: »Излезе сејач на семе; и кога сееше, едно падна покрај патот и беше изгазено, и птиците небески го исколваа; а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, оти немаше влага; едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши; а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод.« Откако го рече ова, извика: »Која има уши да слуша, нека чуе!« А учениците Негови Го прашаа, велејќи: »Што значи таа парабола?« Он рече: »Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на другите ќе им се зборува во параболи, та гледајќи да не виѓаат, и слушајќи да не разбираат. А оваа парабола значи: семето е словото Божјо. Она, што падна покрај патот, се оние, кои слушаат; но потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат; а она на камен – се оние, кои кога ќе го чујат словото, со радост го примаат; но немаат корен и веруваат некое време, па штом дојдат искушенија, тие се откажуваат; тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние, што го слушаат словото, но кога отидат, се подаваат на грижи, богатства и наслади од овој живот и не донесуваат плод; а оние на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го пазат во добро и чисто срце, и принесуваат плод со трпение.« Штом го рече тоа, извика: »Кој има уши да слуша, нека чуе! Никој кога запали свеќа, не ја поклопува со сад, ниту ја става под одар, туку ја наместува на свеќник, за да ја гледаат светлината оние што влегуваат. Оти нема тајно, што не ќе стане јавно, ниту, пак, сокриено, што не ќе се разбере и излезе на видело. Па, пазете како слушате; зашто, кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она, што мисли дека го има.« Дојдоа кај Него мајка Му и браќата Негови, и не можеа да се приближат до Него поради народот. И Му јавија, велејќи: »Мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да Те видат.« А Он им одговори и рече: »Мојата мајка и Моите браќа се оние, што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.« Еден ден влезе Он во кораб со учениците Свои и им рече: »Да минеме на другата страна од езерето!« И појдоа. Кога, пак, пловеа, Он заспа. А над езерото се појави силен ветар, па ги плискаше водата и тие беа во опасност. Пристапија и Го разбудија, говорејќи: »Наставниче, Наставниче, загинуваме!« А Он, штом се разбуди, им забрани на ветрот и на брановите; и тие се смирија и настана тишина. И им рече: »Каде е верата ваша?« А тие се уплашија и се чудеа, велејќи си еден на друг: »Кој е Овој што и на ветровите и на водата им заповеда и Го слушаат?« И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја. А кога излезе Он на суво, Го сретна еден човек од градот, кој имаше бесови од многу години, и не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите. Кога Го виде Исуса, извика и падна пред Него, и гласно рече: »Што имаш со мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!« Зашто Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот; оти долго време го мачеше, и беше во окови, и со вериги го врзуваа, чувајќи го; но тој ги раскинуваше оковите и бесот го тераше да оди во пусти места. А Исус го праша, велејќи: »Како ти е името?« Тој одговори: »Легион«, зашто многу бесови беа влегле во него. И Го молеа Исуса да не им наредува да одат во бездната. А таму, по ридот, пасеа многу свињи; па Го молеа да им позволи да влезат во нив. И им позволи. И откако излегоа бесовите од човекот, влегоа во свињите; и се гргнаа свињите низ стрмнината и се издавија во езерото. Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и околината. И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исуса, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се уплашија. А оние, што беа виделе, им кажаа како се исцели бесниот човек. И сиот народ од Гадаринскиот крај Го молеше да си отиде од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Он влезе во коработ и се врати. Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи: Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог! Тој си отиде и расправаше по целиот град, што му направи Исус. А кога се врати Исус, народот Го пресретна, оти сите Го очекуваа. И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Па кога падна пред нозете Исусови, Го молеше да појде во домот негов, зашто имаше една единствена ќерка на дванаесет години и таа умираше. А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него. И една жена, која страдаше дванаесет години од крвотечение, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува, пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвотечението. И рече Исус: »Кој се допре до Мене?« А кога сите се откажуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него: »Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘« Но Исус рече: »Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.« Жената, штом виде оти не може да се сокрие, со треперење пристапи, па како падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела и дека веднаш оздравела. А Он ѝ рече: »Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир!« Додека Он уште зборуваше, дојде некој од управникот на синагогата и Му рече: »Ќерка ти умре; не мачи Го учителот!« Но Исус, штом го чу тоа, одговарајќи, му рече: »Не бој се! Само верувај и ќе биде спасена!« А кога пристигна во куќата, никому не му позволи да влезе, освен на Петра, Јована и Јакова, и на таткото и мајката на девојката. Сите плачеа и ридаа по неа. Но Он им рече: »Не плачете, таа не е умрена, туку спие.« И му се потсмеваа, знаејќи дека е умрена. А Он откако ги истера сите, ја фати за рака и извика, велејќи: »Девојко, стани!« И се поврати нејзиниот дух, и се дигна веднаш, и заповеда да ѝ дадат да јаде. И се зачудија родителите нејзини. А Он им заповеда, никому да не кажуваат за тоа што стана. Па, откако ги повика дванаесетте, им даде сила и власт над сите нечисти духови, и да лекуваат болести, и ги прати да го проповедаат царството Божјо и да лекуваат болни. И им рече: »Не земајте ништо за по пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребро, ниту по две облеки да имате! Но, во која куќа влезете, тука останувајте, и оттаму тргнувајте на пат. А, ако некои не ве примат, излегувајќи од тој град, истресете го и правот од нозете свои, ним за сведоштво.« А кога излегоа, тие одеа по селата, проповедајќи го Евангелието и лекувајќи насекаде. Ирод четворовласникот, кога чу што прави Он, беше во недоумение, зашто некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите; други, пак, дека се јавил Илија, а некои – дека се дигнал еден од старите пророци. И рече Ирод: »На Јована јас му ја отсеков главата; но кој ќе е Овој, за Кого што слушам толку?« И сакаше да Го види. А апостолите, кога се вратија, Му кажаа што направиле. Па, откако ги зеде, отиде насамо во пусто место до градот, што се викаше Витсаида. Но народот, штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување. А денот почна да намалува. И се приближија до Него дванаесетте и Му рекоа: »Отпушти го народот да оди по околните села и колиби на ноќевање и да си најде храна; оти овде сме во пусто место.« Но Он им рече: »Дајте им вие да јадат!« Тие одговорија: »Ние немаме повеќе од пет лебови и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе.« А тие беа околу пет илјади души. Но Он им рече на учениците Свои: »Кажете им да поседнат на купчиња по педесет.« И направија така, и ги поредија сите. А Он, кога ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, за да ги стават пред народот. И јадеа, и се наситија сите; и кренаа од останатите парчиња дванаесет кошеви. Еднаш, кога Исус се молеше насамо и учениците Негови беа со Него, Он ги праша: »За кого Ме мисли народот?« Тие одговорија и рекоа: »Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои, пак, дека воскреснал еден од старите пророци.« Он им рече: »А вие, за кого Ме мислите?« Петар одговори и рече: »За Христа Божји.« И Он строго им заповеда, никому да не кажуваат за тоа, велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и дека ќе биде убиен, и дека на третиот ден ќе воскресне. А на сите им зборуваше: »Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене! Оти, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене, тој ќе ја спаси. Зашто, каква му е ползата на човека, ако го придобие целиот свет, а себе погуби или си направи зло? Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ангели. Вистина ви велам, овде стојат некои, што не ќе вкусат смрт, дури не го видат царството Божјо.« На осум дена по овие зборови, ги зеде со Себе Петра, Јована и Јакова, и се искачи на гората да се помоли. И кога се молеше, видот на лицето Негово се измени, и облеката Му стана бела и светла. И ете, два човека разговараа со Него; а тие беа Мојсеј и Илија. Па, кога се јавија во слава, тие зборуваа за неговата смрт, со која требаше да заврши во Ерусалим. А Петра и оние, што беа со Него, беше ги совладал сон; но штом се разбудија, ја видоа славата Негова, и двајцата што стоеја со Него. И кога се одделуваа од Него, Петар Му рече на Исуса: »Наставниче, добро ни е овде; да направиме три сеници: за Тебе една, за Мојсеја една, и за Илија една!« – не знаејќи што зборува. Кога го велеше тоа, одеднаш се јави облак и ги засени; и се уплашија, штом влегоа во облакот. И се чу глас од облакот, кој велеше: »Овој е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го!« А кога се чу тој глас, Исус беше останал Сам. И тие премолчаа и никому ништо не кажаа во тие дни за она што беа виделе. А на другиот ден, кога слегнаа од гората, Го пресретна многу народ. И ете, некој во народот извика: »Учителе, Ти се молам, погледни на мојот син! Оти ми е единец! Го прифаќа дух и тој наеднаш вриска; го крши силно, така што пена му се појавува; и кога ќе го измачи, одвај го напушта. Ги помолив учениците Твои да го истераат, но тие не можеа.« Одговори Исус и рече: »О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го синот твој тука!« И додека тој уште приоѓаше, бесот го кутна и почна да го крши. Но Исус му заповеда на нечистиот дух, и го излекува момчето, и го предаде на татка му. И сите се чудеа на величината Божја. И додека се чудеа сите на сѐ, што правеше Исус, Он им рече на учениците Свои: Сложете ги во ушите свои овие зборови: Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки. Но тие не го разбраа оној збор, зашто беше сокриен од нив за да не го разберат, а се плашеа да Го прашаат за неговото значење. И им дојде мисла: кој од нив е најголем. А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави пред Себе, па им рече: »Кој го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој ќе биде најголем.« Одговори Јован и рече: »Наставниче, видовме еден човек, кој во Твое име истерува бесови, па му забранивме, бидејќи не оди со нас.« Исус му рече: »Не забранувајте! Оти, кој не е против вас, тој е со вас.« А кога се приближија деновите на Неговата смрт, Он тргна по патот за Ерусалим; и испрати пред себе гласници; тие отидоа и влегоа во едно самарјанско село да приготват за Него. Но не Го примија, зашто имаше изглед на патник, што оди во Ерусалим. Кога го видоа тоа учениците Негови, Јаков и Јован, рекоа: »Господи, сакаш ли да кажеме да падне оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?« Но Он се сврте кон нив, ги искара и рече: »Не знаете од каков дух сте вие; зашто Синот Човечки дојде, не да погубува човечки души, туку да спаси.« И отидоа во друго село. А кога одеа по патот, некој Му рече: »Господи, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.« Исус му рече: »Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да засолни.« На друг, пак, му рече: »Врви по мене!« А тој одговори: »Господи, позволи најнапред да отидам да го погребам татка ми!« Но Исус му рече: »Остави ги мртвите да ги закопуваат своите мртовци, а ти врви по Мене и проповедај го царството Божјо!« А друг еден рече: »Господи, ќе одам по Тебе, но позволи ми најнапред да се простам со своите домашни.« Исус, пак, му рече: »Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледува назад, не е достоен за царството Божјо.« Потоа Господ избра и други седумдесет ученици и ги испрати пред Себе по двајца во секој град и место, каде што и Сам сакаше да оди, и им рече: »Жетвата е голема, а работници се малку; затоа молете Го Господарот од жетвата да испрати работници на жетвата Своја. Одете! Ете, Јас ве праќам како јаганца меѓу волци. Не носете со себе ни ќесе, ни торба, ниту обувки и никого патем не поздравувајте! И во која куќа влезете, прво кажете: ‚Мир на таа куќа!‘ Па, ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе остане на него; ако ли не, тој ќе се врати во вас; и во таа куќа останете, јадете и пијте што ќе ви дадат; зашто работникот ја заслужува својата награда. Не преоѓајте од куќа в куќа. И во кој град влезете, и ве примат, јадете што ќе ви принесат пред вас; лекувајте ги болните што се во него и говорете им: ‚Се приближи до вас царството Божјо.‘ А во кој, пак, град влезете и не ве примат, излезете по раскрсниците негови и кажете: ‚И правот од вашиот град, што се прилепил на нас, ви го истресуваме; но знајте го ова, дека се приближи до вас царството Божјо.‘ Ви велам, дека во оној ден на Содом ќе му биде полесно, отколку на тој град. Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Оти, ако во Тир и Сидон се беа извршиле чудесата што станаа кај вас, тие одамна, седејќи во вреќи и пепел, ќе се беа покајале. Но на Тир и Сидон ќе им биде полесно на судот, отколку вам. И ти, Капернауме, што си се издигнал до небото, до пеколот ќе паднеш. Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме пратил.« Се вратија, пак, седумдесетте со радост и велеа: »Господи, во Твое име и бесовите ни се покоруваат.« А Он им рече: »Го видов сатаната дека падна од небото како молња! Еве, ви давам власт да настапувате на змии и скорпии, и на секаква непријателска сила; и ништо нема да ве повреди; но не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, а радувајте се, што се имињата ваши напишани на небесата.« Во тој час се возрадува Исус во духот и рече: »Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил ова од мудрите и разумните, а си го открил на простите. Така е, оти таква беше волјата Твоја.« Па, откако се сврте кон учениците, им рече: »Сѐ Ми е предадено од Мојот Отец; и кој е Синот не знае никој, освен Отецот; и кој е Отецот, не знае никој, освен Синот, и – кому што сака Синот да му открие.« И кога се обрна кон учениците, им рече тивко: »Блажени се очите, кои го гледаат ова што го гледате вие. Зашто ви велам, многу пророци и цареви сакаа да видат што гледате вие, и не видоа; и да чујат, што слушате вие, и не чуја.« И ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: »Учителе, што да направам за да добијам живот вечен?« А Он му рече: »Што е напишано во Законот? Како читаш?« Тој одговори и рече: »Возљуби Го Господа, Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!« Му кажа пак: »Добро одговори; тоа прави го и ќе бидеш жив.« Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исуса: »А кој е мојот ближен?« Исус му одговори и рече: »Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон, и сретна разбојници, кои го соблекоа и му направија рани, и си отидоа, оставајќи го полумртов. Во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник, и кога го виде, си замина. Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, се приближи, погледна и си отиде. Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали. И кога се приближи, му ги преврза раните, поливајќи ги со елеј и со вино; па, откако го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него. А утредента, на кинисување, извади два динарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: ‚Припази го; а ако потроши нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.‘ Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?« А тој одговори: »Оној што му направи милост.« Исус му рече: »Оди и ти прави така!« И кога одеа, влезе Он во едно село; една жена, по име Марта, Го прими во својот дом. А таа имаше сестра по име Марија, која седна при нозете Исусови и го слушаше словото Негово. Марта се беше, пак, зафатила со многу работи и, кога застана, рече: »Господи, зар нејќеш да знаеш дека сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне!« А Исус ѝ одговори и рече: »Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе.« Еднаш беше Он на едно место и се молеше, и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: »Господи, научи нѐ да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои.« А Он им рече: »Кога се молите, говорете: ‚Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата: лебот наш насушен дај ни го денес; и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој наш должник; и не нѐ воведуј во искушение, но избави нѐ од лукавиот!‘« И им рече: »Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: ‚Пријателе, дај ми на заем три леба; оти ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам;‘ а оној однатре да му одговори и рече: ‚Не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам и да ти дадам.‘ Но ви велам, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, но ќе стане заради неговото настојување и ќе му даде, колку што му треба. И Јас ви велам: сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој што сака – добива, и кој бара – наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори. И кој татко од вас, ако синот негов му побара леб, ќе му даде камен? Или ако побара риба, па да му даде змија место риба? Или, ако побара јајце, да му даде скорпија? И така, значи, ако вие, бидејќи лукави, умеете да давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние, што Му бараат?« Еднаш истера Он еден бес, кој беше нем, и кога нечистиот дух излезе, немиот проговори; и народот се чудеше, А некои од нив рекоа: »Он ги изгонува бесовите преку Велзевула, кнезот на бесовите.« А други, искушувајќи Го, Му бараа знак од небото. Но Он, знаејќи ги нивните помисли, им рече: »Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа; и, ако и сатаната се разделил сам против себе, како ќе се одржи царството негово? Оти велите дека Јас преку Велзевула ги истерувам бесовите. И, ако Јас, пак, преку Велзевула ги истерувам бесовите, тогаш синовите ваши преку кого ги истеруваат? Затоа, тие ќе ви бидат судии. Ако Јас, пак, со прст Божји ги изгонувам бесовите, тоа значи дека до вас дошло царството Божјо. Кога силен човек се вооружи и го припази домот свој, тогаш имотот негов е во безопасност. Но, ако некој посилен од него го нападне и победи, тој ќе му го земе сето оружје, на кое се надевал, и ограбеното од него ќе го раздаде. Кој не е со Мене, тој е против Мене; и кој не собира со Мене, тој растура. Кога нечист дух ќе излезе од човека, тој оди преку безводни места и бара спокој; и не наоѓајќи вели: ‚Ќе се вратам во домот свој, од каде што излегов.‘ Па, штом дојде, го наоѓа изметен и уреден. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и кога влезат, живеат таму; и последната состојба на тој човек ќе му биде полоша од првата.« А кога го зборуваше тоа, една жена извика од народот и Му рече: »Блажена е утробата, што Те носела и градите, од кои си се хранел!« А Он рече: »Да, но блажени се и оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат.« А на народот, што се собираше, почна да му зборува: »Лукав е овој род; бара знаци, но нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона; зашто, како што Јона беше знак за Ниневијците, така и Синот Човечки ќе биде за својот род. Јужната царица ќе излезе на суд со луѓето од овој род и ќе го осуди, оти таа дојде од крај земја да ја чуе мудроста на Соломона; а ете, тука е поголем од Соломона. И Ниневијците ќе излезат на суд со луѓето од овој род и ќе го осудат, зашто тие се покајаа од проповедта на Јона; а ете тука е поголем од Јона. Никој, пак, не клава запалено светило на сокриено место, ниту под поклоп, туку на свеќник, за да ја видат светлината оние што влегуваат. Светило за телото е окото; ако твоето око биде чисто, и целото твое тело ќе биде светло; а ако биде лукаво, и твоето тело ќе биде темно; затоа гледај светлината, што е во тебе, да не биде темнина. Ако, пак, целото твое тело е светло и нема ниеден темен дел, тогаш тоа ќе биде така светло, како кога светило те осветлува со светлина.« И кога зборуваше Он, еден фарисеј Го помоли да руча кај него. Он отиде и седна на трпеза. И фарисејот се зачуди, кога виде, дека Он не си ги изми рацете пред јадење. Но Господ му рече: »Ете, вие фарисеите ја миете чашата и чинијата однадвор, а пак внатрешноста ви е полна со грабеж и лукавство. Безумни, не е ли ист Оној што ја создаде и надворешноста и внатрешноста? Но, давајте милостина според своите сили, тогаш сѐ во вас ќе биде чисто. Но тешко вам, фарисеи, оти давате десеток од нане и рута, и од секаков зеленчук, а преминувате преку судот и љубовта Божја; ова требаше да го правите, но и она да не го оставате. Тешко вам, фарисеи! Оти сакате да сте на првите места во синагогите и да ве поздравуваат по плоштадите! Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти сте како сокриени гробови, преку кои луѓето одат и не ги знаат.« Одговори некој од закониците и Му рече: »Учителе, кога го говориш тоа, Ти и нас нѐ навредуваш.« Но Он рече: »Тешко и на вас закониците, што ги натоварувате луѓето со тешки бремиња за носење, а вие сами ни со еден прст не се допирате до тие бремиња. Тешко вам, оти им ѕидате гробници на пророците, што ги убија вашите татковци; со тоа сведочите за делата на своите татковци и ги одобрувате, бидејќи тие ги убија пророците, а вие им ѕидате гробници. Затоа и Божјата премудрост рече: ‚Ќе им пратам пророци и апостоли, и од нив едните ќе ги убијат, а другите ќе ги прогонат‘; за да се побара од овој род крвта на сите пророци, пролеана од постанокот на светот; од крвта на Авела па сѐ до крвта на Захарија, кој е убиен меѓу жртвеникот и храмот. Да, ви велам, ќе се побара од овој род. Тешко вам, законици, оти го зедовте клучот на познанието; сами не влеговте, а и на оние што сакаат да влезат им попречивте.« А кога го зборуваше тоа, книжниците и фарисеите почнаа силно да се гневат на Него и да Го прашуваат за многу работи; Го напаѓаа, сакајќи да уловат нешто од Неговата уста, за да Го обвинат. Меѓутоа, кога се насобраа илјадници народ – така што се газеа еден со друг, Он почна да им зборува најнапред на Своите ученици: »Пазете се од квасот фарисејски, што е лицемерие. Нема ништо сокриено, а да не се открие, ни тајно – што не ќе се узнае; па затоа, што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во скривница, ќе биде разгласено од покривите. А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат; но ќе ви кажам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој по убивањето има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од Него бојте се! Зар не се продаваат пет врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е заборавено од Бога. А вам, и косата на главата ви е изброена. Па така, не бојте се: од многу врапчиња вие сте поскапи. И ви велам: секој што Ме признае Мене пред луѓето, и Синот Човечки ќе го признае пред Божјите ангели; а кој се одрече од Мене пред луѓето, и тој ќе биде одречен пред Божјите ангели. На секој, што ќе каже збор против Синот Човечки, ќе му биде простено; но на оној, кој похули на Светиот Дух, нема да му се прости. А кога ве одведат во синагогите и пред властите и началствата, не грижете се како ќе одговорите, или што ќе кажете; зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете.« Некој од народот Му рече: »Учителе, кажи му на мојот брат да го раздели со мене наследството!« А Он му рече: »Човеку, кој Ме постави да ви судам или да ве делам?« Потоа им кажа: »Гледајте и пазете се од лакомство, оти животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот.« И им кажа парабола и им рече: »На некој богат човек нивата му беше родила многу; и мислеше во себе, велејќи: ‚Што да правам? Немам во што да ги соберам плодовите свои.‘ Па рече – вака ќе направам: ‚ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра, и ќе ѝ речам на душата своја: душо, имаш многу добра, приготвени за многу години; јади, пиј и весели се!‘ Но Бог му рече: ‚Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа, што си го приготвил, кому ќе му остане?‘ Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бога.« И им рече на учениците Свои: »Затоа ви велам: не грижете се за душата своја, што ќе јадете, ниту за телото свое, што ќе облечете. Зашто, душата е многу поскапа од храната, и телото – од облеклото. Погледајте ги гавраните како ни сеат, ни жнеат; тие немаат скривници, ниту житници и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците? Па и кој од вас, грижејќи се, може да му додаде еден лакот на својот раст? И така, кога ни најмалото нешто не можете да го направите, зошто се грижите за друго? Погледајте ги лилјаните како растат: ни се трудат, ниту предат; но ви велам, дека ни Соломон, во сета своја слава, не се облече така, како еден од нив. Ако, пак, тревата во полето, која денес ја има, а утре се фрла во оган, Бог така ја облекува, тогаш колку повеќе вас, маловерни! Па затоа и вие, не барајте што ќе јадете или што ќе пиете; и не се загрижувајте! Сето тоа го бараат и незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно. Но барајте го царството Божјо, и сето тоа ќе ви се придаде! Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството. Продајте ги имотите ваши и давајте милостина! Згответе си ќесиња, што нема да изветват, сокровиште на небото, каде крадец не се приближува и кое молец не го јаде; зашто, каде што е сокровиштето ваше, таму ќе биде и срцето ваше. Нека ви биде крстот стегнат и светилата – запалени! Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаат својот господар да се врати од свадба, за да му отворат веднаш, штом дојде и почука. Блазе на оние слуги, што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се опаше и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи. А ако дојде и на втора стража, и на трета дојде ли, и ги затече така, блазе на тие слуги! Знајте го и тоа дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би седел буден и не би дозволил да му ја поткопаат куќата. И вие, значи, бидете готови: зашто, во кој час не мислите, ќе дојде Синот Човечки!« А Петар Му рече: »Господи, за нас ли ја кажуваш оваа парабола, или за сите?« Тогаш Господ рече: »Кој е тој верен и мудар слуга, кого го поставил неговиот господар над своите слуги, за да им дава потребна храна на време? Блазе на тој слуга, чиј господар, кога ќе дојде, го затече така да постапува! Вистина ви велам, дека тој ќе го постави него над целиот свој имот. Ако, пак, тој слуга рече во срцето свое: ‚Нема скоро да дојде мојот господар!‘ па почне да ги бие слугите и слугинките, да јаде и пие и да се опива, господарот на тој слуга ќе дојде во ден, во кој не очекува, и во час што не го знае, па ќе го оддели и ќе го постави меѓу неверните. А оној слуга, кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен. Кој, пак, не знаел и направил нешто достојно за казнување, ќе биде малку биен. Кому е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е поверено повеќе, повеќе ќе се бара од него. Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел. Со крштавање треба да се крстам и колку Ми е мачно дури не се сврши тоа. Мислите ли дека сум дошол да дадам мир на земјата? Не, ви велам, туку раздвојување; оти отсега, петина во една куќа ќе бидат разделени: тројца против двајца и двајца против тројца; ќе биде татко против сина си и син против татка си; мајка против ќерка си и ќерка против мајка си; свекрва против снаата своја и снаата против свекрвата своја.« А на народот му рече: »Кога видите дека се крева облак од запад, тогаш велите: ‚Ќе врне дожд!‘ Така и бива. А кога дува јужниот ветар, велите: ‚Ќе биде горештина!‘ Па така и бива. Лицемери, лицето на небото и земјата умеете да го распознавате, а ова време како не го познавате? Зошто и сами од себе не судите што е праведно? Кога одиш со својот противник пред власта, гледај уште по патот да се измириш со него, за да не те предаде на судијата, а судијата на слугата и слугата да те фрли во затвор. Ти велам, оттаму нема да излезеш, дури не ја дадеш и последната лепта.« Во тоа време дојдоа некои и Му кажаа за Галилејците, чија крв Пилат ја смешал со нивните жртви. Исус им одговори и рече: »Мислите ли дека тие Галилејци беа најгрешни од сите Галилејци, та така пострадаа? Не, ви велам: ако не се покаете, сите така ќе изгинете. Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа најгрешни од сите жители на Ерусалим? Не, ви велам: но ако не се покаете, сите така ќе изгинете.« И ја кажа оваа парабола: »Некој човек имаше во своето лозје посадено една смоква, па дојде да бара од неа плод, и не најде. Тогаш му рече на лозарот: ‚Ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата?‘ А тој му одговори и рече: ‚Господаре, остави ја и оваа година, дури да ја опкопам и ѝ ставам ѓубре; па, ако роди, добро; ако ли не, тогаш в година ќе ја пресечеш‘.« Во една од синагогите поучуваше Он во сабота. И ете, дојде една жена која беше опседната од дух на немоќта осумнаесет години; таа беше згрбавена и никако не можеше да се исправи; штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: »Жено, се ослободуваш од болеста своја.« И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога. А старешината на синагогата, негодувајќи што ја излекува Исус во сабота, одговори и му рече на народот: »Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во саботен ден!« Но Господ му одговори и рече: »Лицемере, не го одврзува ли секој од вас својот вол, или осле, од јаслите во сабота и не го води ли да го напои? А оваа ќерка Авраамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години, не требаше ли да се ослободи од тие врски во саботен ден?« И кога го зборуваше ова, сите што беа против Него се засрамија; а целиот народ се радуваше за сите славни дела, извршени од Него. А Он рече: »На што прилега царството Божјо и со што да го споредам? Тоа е како синапово зрно, што го зема човек и го посадува во градината своја, каде што израстува и станува големо дрво; па и птиците небески си прават гнезда на неговите гранки.« И пак рече: »Со што да го споредам царството Божјо? Тоа прилега на квас што го зема жена и го става во три мери брашно, додека скисне сето.« И минеше низ градови и села и поучуваше, патувајќи кон Ерусалим. Некој, пак, Му рече: »Господи, малку ли се оние што ќе се спасат?« А Он рече: »Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат. Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: ‚Господи, Господи, отвори ни!‘ Он ќе ви одговори и рече: ‚Не ве знам од каде сте.‘ Тогаш ќе почнете да зборувате: ‚Ние јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше.‘ А Он ќе рече: ‚Ви велам, не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда!‘ Таму ќе биде плач и крцкање со заби, кога ќе ги видите Авраама, Исака и Јакова, и сите пророци во царството Божјо, а себе – истерани надвор. И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо. И ете, има последни, што ќе бидат први, а има и први, што ќе бидат последни.« Во тој ден пристапија некои од фарисеите и Му рекоа: »Излези и оди си одовде, оти Ирод сака да Те убие!« И им рече: »Одете и кажете ѝ на таа лисица: еве, истерувам бесови, и лекувам денес и утре – и на третиот ден ќе свршам; но Јас треба да врвам денес, утре и задутре, бидејќи не бива пророк да загине надвор од Ерусалим. Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш пратените при тебе, колкупати сакав да ги соберам чедата свои, како квачка пилињата свои под крилја, но не сакавте. И ете, домот ваш ќе ви се остави пуст. И Јас ви велам, дека нема да Ме видите сѐ дури не дојде времето да кажете: ‚Благословен е Оној што иде во името Господово!‘« Еднаш во саботен ден влезе кај еден од фарисејските старешини и јадеше леб; а тие пазеа на Него. Одеднаш застана пред Него еден човек, болен од водена болест. И кога одговори Исус, им рече на закониците и фарисеите, велејќи: »Дозволено ли е да се лекува во сабота?« А тие замолкнаа. И како се допре, го излекува и го испрати. Потоа им рече: »Кој од вас, ако му падне в бунар вол или осле, нема да го извади веднаш, и тоа во саботен ден?« Не можеа да Му одговорат на тоа. А кога забележа, како поканетите избираат први места, им кажа парабола и рече: »Ако те покани некој на свадба, не седнувај на првото место, за да не влезе некој од гостите со поголема чест од тебе, и, да не дојде оној, што ве поканил и тебе и него, па да рече: ‚Отстапи го местото на овој!‘ и тогаш, засрамен ќе седнеш на последното место. Но, кога ќе бидеш поканет, отиди и седни на последното место, та оној, што те поканил, штом дојде, да ти каже: ‚Пријателе, премести се погоре!‘ Тогаш ќе имаш чест од гостите, што седат со тебе. Зашто, секој што се издига, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде издигнат.« А и на оној, што го беше поканил, му рече: »Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту браќата свои, ни роднините свои, ниту богатите соседи за да не те поканат и тие некогаш и да ти вратат. Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, хромите, слепите, и ќе бидеш блажен, оти тие не можат да ти вратат, а ќе ти биде отплатено при воскресението на праведните.« А кога го чу тоа еден од оние, што седеа со Него на трпезата, Му рече: »Блажен е оној, кој ќе јаде леб во царството Божјо!« А Он му одговори: »Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина; и кога беше време за вечера, го прати слугата свој да им каже на поканетите: ‚Дојдете, оти сѐ е готово!‘ И почнаа сите, како договорени, да откажуваат; првиот му рече: ‚Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!‘ Вториот рече: ‚Купив пет чифта волови и одам да ги пробам; те молам – извини ме!‘ Третиот рече: ‚Се оженив и затоа не можам да дојдам.‘ Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се расрди домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: ‚Отиди бргу по раскрсниците и улиците градски и доведи ги тука бедните, слабите, хромите и слепите!‘ И рече слугата: ‚Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.‘ И му рече господарот на слугата: ‚Излези по патиштата и оградите и убеди ги да дојдат, за да се наполни мојот дом!‘ Зашто, ви велам: никој од поканетите нема да вкуси од вечерата Моја. Оти мнозина се поканети, но малкумина се избрани.« Со Него одеше многу народ; а Он се заврти и им рече: »Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си и мајка си, жената и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, Тој не може да биде Мој ученик. И, кој не го носи својот крст, и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик. Зашто, кој од вас, сакајќи да соѕида кула, не ќе седне најнапред да направи сметка колку ќе чини и дали има сѐ, што е потребно за нејзиното довршување, та, откако ги постави темелите и не може да доврши, да не почнат, сите што гледаат, да му се смеат, и да речат: ‚Овој човек почна да ѕида и не може да доврши‘. Или кој цар, одејќи во војна против друг цар, не ќе седне да се посоветува најнапред, може ли со десет илјади да издржи пред оној, што иде против него со дваесет илјади? Инаку, дури е оној уште далеку, ќе прати слуги и ќе моли за мир. Така и секој од вас, кој не се откаже од сѐ што има, не може да биде Мој ученик. Солта е добро нешто, но ако таа облутави, со што ќе се соли? Ниту на земјата, ниту на ѓубрето му е потребна; па затоа ја фрлаат надвор. Кој има уши да слуша, нека чуе!« Се приближуваа кон Него сите митници и грешници за да Го слушаат. А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: »Овој прима грешници и јаде со нив.« Но Исус им ја кажа оваа парабола и рече: »Кој од вас, имајќи сто овци, кога загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе тргне по загубената, додека не ја најде? А откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен; и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!‘ Ви велам, дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење. Или која жена, имајќи десет драхми, кога загуби една, нема да запали светило и да ја помете куќата, за да побара внимателно, дури не ја најде? А штом ја најде, ќе повика пријателки и сосетки, велејќи: ‚Радувајте се со мене, оти ја најдов загубената драхма!‘ Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае.« И рече: »Еден човек имаше два сина. Помладиот од нив му рече на татка си: ‚Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!‘ И таткото им го раздели имотот. По неколку дена, помладиот син, кога собра сѐ, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно. И откако потроши сѐ, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака; па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи. И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. А кога дојде на себеси, рече: ‚Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: »Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници«‘. Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива. И синот му рече: ‚Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!‘ А таткото им рече на слугите свои: ‚Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде‘. И почнаа да се веселат. А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици. Па, како повика еден од слугите, го праша: ‚Што е ова?‘ А тој му рече: ‚Брат ти си дојде и татко ти закла угоено теле, оти го виде здрав.‘ Тој се налути и нејќеше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше. А тој му одговори на татка си и му рече: ‚Еве, те служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели; а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле.‘ А он му рече: ‚Синко, ти си секогаш со мене и сѐ мое е твое; но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.‘« А на учениците Свои им рече: »Еден човек беше богат и имаше настојник; и тој беше наклеветен пред него дека го растура неговиот имот. И кога го повика, му рече: ‚Што е ова што слушам за тебе? Дај сметка за раководењето, зашто веќе не ќе можеш да бидеш настојник.‘ А настојникот си рече во себе: ‚Што да правам? Господарот мој го одзема од мене раководењето на куќата; да копам, не можам; да просам – се срамам. Знам што да правам, за да ме примат во своите домови, кога ќе бидам отстранет од раководењето на куќата.‘ И кога ги повика должниците на својот господар, секого поодделно, му рече на првиот: ‚Колку му должиш на мојот господар?‘ Тој одговори: ‚Сто мери елеј.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата, седни бргу и напиши: »педесет!«‘ Потоа му рече на другиот: ‚А ти, колку должиш?‘ Тој одговори: ‚Сто мери пченица.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата и напиши: »осумдесет!«‘ И го пофали господарот несправедливиот настојник, оти постапил досетливо; зашто синовите на овој свет во својот род се подосетливи од синовите на светлината. И јас ви велам: создадете си пријатели со неправедно богатство, па, кога осиромашите, да ве примат во вечните живеалишта. Верниот во малку и во многу е верен, а несправедливиот и во многу и во малку е несправедлив. Па така, ако во неправедното богатство не бевте верни, кој ќе ви го довери вистинското? И ако во туѓото не бевте верни, кој ќе ви го даде вашето? Ниеден слуга не може да им служи на двајца господари; зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака, или на едниот ќе му угоди, а другиот ќе го презре. Не можете да служите на Бога и на Мамона.« Сето тоа го слушаа фарисеите, што беа среброљупци, и Му се потсмеваа. И им рече: »Вие се прикажувате пред луѓето за праведни, но Бог ги знае вашите срца; зашто, она што е за луѓето високо, пред Бога е мерзост. Законот и Пророците беа до Јована; а оттогаш царството Божјо се благовестува и секој со усилие влегува во него. Но полесно им е на небото и на земјата да преминат, отколку една црта од Законот да пропадне. Секој, што ја остава жената своја и се жени со друга, прељубодејствува, и секој, што се жени со напуштена, прави прељуба. Еден човек беше богат и се облекуваше во порфир и свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше. Имаше исто така, и еден сиромав, по име Лазар, кој струплив лежеше пред вратата негова; и сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови. Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во крилото Авраамово; умре и богатиот и го погребаа. И во пеколот, кога беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраама и Лазара во крилото негово, и, откако извика, рече: ‚Оче Аврааме, смилуј се на мене и прати го Лазара да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, оти многу страдам во овој пламен!‘ Но Авраам рече: ‚Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш. Освен тоа, меѓу вас и нас постои голема провалија така што оние, кои би сакале да дојдат при вас, не можат; а исто така и оние оттаму – при нас.‘ А тој пак рече: ‚Тогаш те молам, оче, прати го во татковата ми куќа, зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!‘ Авраам му рече: ‚Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат!‘ А тој рече: ‚Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат.‘ Авраам му рече: ‚Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат.‘« И им рече Исус на учениците Свои: »Не е можно да не дојдат соблазни, но тешко на оној, преку кого доаѓаат; за него би било подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море, отколку да соблазни еден од овие помали. Пазете на себе. Ако згреши против тебе братот твој, скарај го, и ако се покае – прости му. И ако седумпати на ден згреши против тебе и седумпати на ден дојде и ти рече: ‚Се кајам‘ – прости му.« И Му рекоа апостолите на Господа: »Засили ја во нас верата!« А Господ им рече: »Кога би имале вера колку синаповото зрно и ѝ речете на оваа црница: ‚Откорни се и пресади се в море!‘ и таа би ве послушала. Кој од вас, кога се врати неговиот слуга од поле, орач или овчар, веднаш ќе му рече: ‚Дојди бргу и седни на трпеза!‘ Нема ли да му каже: ‚Приготви ми да вечерам, препаши се и служи ми дури јадам и пијам, а потоа ти јади и пиј!‘ Зар ќе му благодари на тој слуга, што ја исполнил неговата заповед? Мислам, не. Па така и вие, кога исполните сѐ, што ви е заповедано, речете: ‚Ние сме слуги негодни, оти го извршивме она, што бевме должни да го извршиме.‘« А кога одеше за Ерусалим, Он поминуваше меѓу Самарија и Галилеја. И кога влегуваше во едно село, Го сретнаа десет лепрозни и застанаа подалеку, па со силен глас повикаа: »Исусе Наставниче, смилуј се!« Штом ги виде, им рече: »Отидете и покажете им се на свештениците!« И тие, одејќи, се очистија. А еден од нив, кога виде дека е излекуван, се поврати и Го прослави Бога гласно; и падна ничкум пред нозете Негови, благодарејќи Му. А тој беше Самарјанин. Исус, пак, одговори и рече: »Зар не се излекуваа десетмина? Каде се деветмината? Како не се најдоа да се вратат и другите и да Му заблагодарат на Бога, туку само овој туѓинец?« И му рече: »Стани, оди си! Твојата вера те спаси!« Запрашан од фарисеите, кога ќе дојде царството Божјо, Он им одговори: »царството Божјо нема да дојде забележливо, ниту ќе кажат: ‚Еве, овде е‘ или: ‚Ене, онде е‘. Зашто царството Божјо е во вас внатре.« И им рече: »Ќе дојдат дни, кога ќе сакате да видите еден од деновите на Синот Човечки, и нема да видите: и ќе ви речат: ‚Еве, овде е‘ или ‚Ене, онде е‘. – Не одете и не барајте! Зашто, како што молњата, кога ќе светне од едниот крај на небото го осветлува и другиот, така ќе биде и Синот Човечки во Својот ден. Но, најнапред Он треба многу да пострада и да биде отфрлен од овој род. Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки: јадеа, пиеја, се женеа, се мажеа, сѐ до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и дојде потопот, па ги погуби сите. Исто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа; но во истиот ден, кога излезе Лот од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги изгоре сите; така ќе биде и во денот, кога ќе се јави Синот Човечки. Во тој ден, кој е на покрив, а покуќнината му е в куќи, нека не слегува да ја земе; и кој е в поле, исто така, да не се враќа. Сеќавајте се на Лотовата жена. Кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја погуби; а кој ја погуби, ќе ја оживи. Ви велам: во таа ноќ ќе бидат двајца на една постела: едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават; две жени ќе мелат заедно: едната ќе ја земат, а другата ќе ја остават; двајца ќе бидат на нива: едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават.« И, кога одговорија, Му рекоа: »Каде, Господи?« А Он им рече: »Каде што е телото, таму ќе се соберат и орлите.« Им кажа и парабола за тоа, оти секогаш треба да се молат да не паѓаат со духот. И рече: »Во еден град имаше судија, кој од Бога не се плашеше, ниту од луѓето се срамуваше. Во истиот град живееше една вдовица и доаѓаше кај него, велејќи: ‚Заштити ме од мојот противник!‘ Но тој за долго време нејќеше. Најпосле си рече во себе: ‚Иако од Бога не се бојам и од луѓето не се срамувам, но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа веќе и да не ми додева.‘« И рече Господ: »Чујте што зборува несправедливиот судија! Та Бог ли нема да ги заштити Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави? Ви велам, ќе ги заштити набргу. Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?« А на оние, што беа уверени во себе дека се праведни, и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола: »Два човека влегоа во храм да се помолат; едниот фарисеј, а другиот митник. Кога застана, фарисејот вака се молеше во себе: ‚Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сѐ што придобивам.‘ А митникот стоеше оддалеку; не смееше дури и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив спрема мене грешниот!‘ Ви велам: дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат.« При Него донесуваа и младенци, за да се допре до нив; а учениците, штом ќе видеа, им забрануваа. Но Исус, кога ги повика, им рече: »Оставете ги децата да доаѓаат при Мене, и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо! Вистина ви велам: кој не го прими царството Божјо како дете, нема да влезе во него.« И Го праша еден управник, велејќи: »Учителе добар, што да направам за да наследам живот вечен?« А Исус му рече: »Зошто ме наречуваш добар? Никој не е добар, освен еден Бог. Ги знаеш заповедите: не прељубодејствувај, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татка си и мајка си.« А тој рече: »Сето тоа сум го запазил од младоста своја.« Штом го чу тоа, Исус му рече: »Уште едно не ти достига: продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; потоа дојди и врви по Мене!« А тој, кога го чу тоа, се нажали, оти беше многу богат. Штом виде дека тој многу се разжалости, Исус рече: »Колку е тешко во царството Божјо да влезат оние што имаат богатство? Полесно ѝ е на камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо.« Оние, што го чуја тоа, рекоа: »Тогаш, кој може да се спаси?« А Он одговори: »Неможното за луѓето е можно за Бога.« Петар, пак, рече: »Ете, ние оставивме сѐ и врвиме по Тебе.« Он им рече: »Вистина ви велам, дека нема ниеден, што оставил куќа или родители, или браќа, или сестри, или жена, или деца, заради царството Божјо, а да не добил многу повеќе, од тоа уште сега, во ова време, а во идниот век – и живот вечен.« И кога ги зеде со Себе дванаесетте, им рече: »Еве, одиме кон Ерусалим и сѐ ќе се исполни, што напишале пророците за Синот Човечки: дека ќе Го предадат на незнабошци и ќе се потсмеваат со Него, ќе Го оскрбат и ќе Го плукаат, ќе Го бичуваат и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.« Но тие ништо од ова не разбраа; овие зборови за нив беа сокриени и тие не разбраа што им кажа. А кога се приближуваше Он до Ерихон, еден слепец седеше крај патот и просеше; и штом чу дека покрај него врви народ, праша: »Што е тоа?« Му кажаа дека минува Исус Назареецот. Тогаш тој извика и рече: »Исусе, Сине Давидов, помилуј ме!« Оние, што одеа напред, го искараа да молчи; но тој уште погласно викаше: »Сине Давидов, помилуј ме!« Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога оној се приближи до Него, го праша, велејќи: »Што сакаш да ти направам?« Тој рече: »Господи, да прогледам!« Тогаш Исус му рече: »Прогледај! Верата твоја те спаси.« И одеднаш прогледа и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сиот народ, кога го виде тоа, Му воздаде слава на Бога. Потоа влезе Исус во Ерихон и минуваше низ него. И ете, некој човек по име Закхеј, кој беше началник на митниците, и беше богат, сакаше да Го види Исуса, Кој е Он, но не можеше од народот, оти беше низок. Затоа истрча напред и се качи на една смоква за да Го види, бидејќи покрај неа требаше да мине. Исус, пак, кога дојде на тоа место, погледна угоре, го виде и му рече: »Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом.« И тој веднаш слезе и Го прими со радост. И сите, кога го видоа тоа, негодуваа и рекоа: »Отиде во куќата на грешен човек.« А Закхеј застана и Му рече на Господа: »Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам.« А Исус му рече: »Денес дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов. Оти, Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното.« А на оние, што го слушаа ова, им кажа и една парабола, бидејќи беше близу до Ерусалим и тие мислеа дека набргу ќе се открие царството Божјо, па рече: »Еден човек од висок род заминуваше во далечна земја да прими царство за себе и да се врати; и кога ги повика своите десет слуги, им даде десет мини и им рече: ‚Тргувајте со нив, дури не се вратам!‘ Но граѓаните го мразеа и испратија по него пратеници, велејќи: ‚Нејќеме тој да царува над нас.‘ А кога се врати, по приемот на царството, нареди да ги повикаат оние слуги, на кои им беше дал сребро, за да види, кој колку спечалил. Дојде првиот и му рече: ‚Господаре, твојата мина придонесе десет мини.‘ И му рече: ‚Добро, верни слуго; во мала работа беше верен, еве ти власт над десет градови.‘ Дојде вториот и рече: ‚Господаре, твојата мина придонесе пет мини.‘ А тој и нему му рече: ‚И ти биди – над пет градови.‘ И друг дојде, велејќи: ‚Господаре, еве ти ја твојата мина, што ја чував в крпа, оти се плашев од тебе, бидејќи си жесток човек: земаш од каде што не си оставил, и жнееш, каде што не си сеел.‘ А господарот му рече: ‚Со твојата уста ќе ти судам, лукави слуго; ти знаеш дека сум жесток човек: земам, од каде што не сум оставил, и жнеам, каде што не сум сеел; тогаш, зошто не го даде моето сребро на трговците, та кога ќе се вратам, да го добијам со интерес?‘ Па им рече на присутните: ‚Земете ја од него мината и дајте му ја на оној, што има десет мини!‘ И му рекоа: ‚Господаре, тој има десет мини!‘ Ви велам, дека секому што има, ќе му се придаде; а од оној што нема, ќе му се одземе и она, што го има. А оние мое непријатели, што не сакаат да царувам над нив, доведете ги тука и погубете ги пред мене!« Кога го рече тоа, Он тргна понатаму, искачувајќи се кон Ерусалим. И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до гората наречена Елеонска, испрати два ученика, велејќи: »Отидете во спротивноно село! Штом ќе влезете во него, ќе најдете едно врзано осле, кое ниеден човек не го јавал. Одврзете го и доведете го! И ако ве праша некој: ‚Зошто го одврзувате?‘ Кажете му вака: ‚Тоа Му е потребно на Господа‘.« Кога отидоа испратените, најдоа како што им беше рекол. И кога го одврзуваа ослето, стопаните им рекоа: »Зошто го одврзувате ослето?« Тие одговорија: »Потребно му е на Господа.« И го доведоа при Исуса; па штом ги нафрлија облеките свои на ослето, Му помогнаа на Исуса да се качи. И кога минуваше Он, ги постилаа своите облеки па патот. А кога наближи до местото од каде што се слегува од Елеонската Гора, сето мноштво ученици почнаа радосно да Го прославуваат Бога со висок глас, за сите чудеса што ги видоа, велејќи: »Благословен е Царот, Кој доаѓа во името Господово! Мир на небото и слава на висините!« А некои фарисеи од народот Му рекоа: »Учителе, забрани им на учениците Твои!« Но Он им одговори и рече: »Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат.« А кога се приближи и го виде градот, заплака за него и рече: »Да беше и ти узнал барем во овој твој ден, што служи за твојот мир? Но тоа е сега сокриено од твоите очи, зашто ќе дојдат денови за тебе и непријателите твои ќе те опкружат со окопи и ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни; и ќе те разрушат тебе и ќе ги избијат децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе, оти не си го позна времето, кога беше посетен.« И кога влезе во храмот, почна да ги пади оние, што продаваа и купуваа во него, велејќи им: »Напишано е: ‚Домот Мој е дом за молитва, а вие го направивте разбојничка пештера‘.« И поучуваше секој ден во храмот. А првосвештениците и книжниците, и старешините народни, гледаа да го погубат, но не можеа ништо да Му направат, зашто сиот народ беше приврзан кон Него и Го слушаше. Кога Он, во еден од оние денови, го поучуваше народот во храмот и го проповедаше Евангелието, пристапија првосвештениците и книжниците со старешините и Му рекоа, велејќи: »Кажи ни, со каква власт го вршиш тоа, или кој ти ја дал таа власт?« А Он им одговори и рече: »Ќе ве прашам и Јас еден збор, и кажете Ми: крштавањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето?« А тие, размислувајќи помеѓу себе, си велеа: »Ако кажеме, ‚Од небото‘, ќе рече: ‚Зошто не му поверувавте?‘ Ако, пак, речеме – ‚Од луѓето‘, тогаш сиот народ ќе не затрупа со камења, бидејќи е уверен дека Јован беше пророк.« Па одговорија: »Не знаеме од каде е.« Исус им рече: »Ни Јас нема да ви кажам, со каква власт го вршам тоа.« И почна да му ја раскажува на народот оваа парабола: »Еден човек насади лозје и го предаде на лозари, па си отиде на подолго време. А подоцна испрати кај лозарите еден слуга, за да му дадат од плодовите на лозјето; но лозарите го натепаа и го пуштија празен. И прати одново друг слуга: но тие и него го натепаа и го понизија, па го испратија празен. Испрати и трет, а тие и него го ранија и го испадија. Тогаш господарот на лозјето рече: ‚Што да направам? Ќе го испратам својот сакан син; можеби, кога ќе го видат, ќе се засрамат.‘ Но лозарите, штом го видоа, си размислуваа меѓу себе, велејќи: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше!‘ И кога го изведоа надвор од лозјето, го убија. Што ќе им направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби овие лозари, а лозјето ќе го предаде на други.« А оние, што слушаа, рекоа: »Да не даде Бог!« Но Он, кога ги погледна, им рече: »Што значи тогаш напишаното: ‚Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот?‘ Секој што падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој падне, ќе го здроби.« И во тој час првосвештениците и книжниците сакаа да стават рака на Него, но се плашеа од народот; оти разбраа дека за нив ја кажа оваа парабола. И следејќи Го, испратија и лукави луѓе, кои се претставуваа за праведни, за да Го фатат во некој збор и да Го предадат на поглаварите и на власта управникова. И Го прашаа, велејќи: »Учителе, знаеме дека право говориш и учиш, и не гледаш кој што е, туку вистински поучуваш за патот Божји; позволено ли е да даваме данок на ќесарот или не?« А Он го разбра нивното лукавство и им рече: »Што Ме искушувате? Покажете Ми еден динариј: Чиј образ и натпис има?« Тие одговорија: »Ќесарев.« Па им рече: »Дајте го ќесаровото на ќесарот, а Божјото на Бога!« И не можеа да ги покудат зборовите Негови пред народот, но се почудија на одговорот Негов и замолкнаа. Тогаш пристапија некои од садукеите, што тврдат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи: Учителе, Мојсеј ни напиша: ако некој оженет умре без деца, брат му да ја земе неговата жена, и да го подигне потомството на брата си. Имаше седум браќа и првиот, откако се ожени, умре без деца; жена му ја зеде вториот, но и тој умре без деца; ја зеде и третиот, а така исто и сите седуммина и умреа без деца; по сите нив, умре и жената. При воскресението, пак, на кого од нив таа ќе му биде жена, бидејќи со седуммината живеела? Им одговори Исус и рече: »Синовите од овој век се женат и мажат; но оние, што ќе се удостојат да го добијат оној свет и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, и да умрат веќе не можат, оти се еднакви со ангелите и, бидејќи се синови на воскресението, тие се синови Божји. А дека мртвите ќе воскреснат, тоа го посведочи и Мојсеј при капината, кога Го нарече Господа – Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов. А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него се сите живи.« На тоа, некои од книжниците, рекоа: »Учителе, добро рече!« И не смееја повеќе за ништо да Го прашаат. А Он им рече: »Како, пак, велат дека Христос е син Давидов? Та и сам Давид вели во книгата на псалмите: ‚Му рече Господ на Мојот Господ: седи од Мојата десна страна, дури не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои!‘ И така, Давид, значи, Го нарече Господ. Како тогаш да му е Он син?« И кога сиот народ слушаше, Он им рече на учениците Свои: Чувајте се од книжниците, што милуваат да одат променети и сакаат поздрави по пазариштата, предни места по синагогите и да се први на гозбите; што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат; тие ќе добијат потешка пресуда. Кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаа своите прилози во црковната каса; виде исто така и една бедна вдовица, која пушти таму две лепти, па рече: »Вистина ви велам, оваа бедна вдовица од сите повеќе пушти; сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа, пак, пушти – сѐ што имаше за својот живот.« И кога некои зборуваа за храмот, дека е украсен со убави камења и ветени дарови, Он им рече: Ќе дојдат дни и од сето ова што го гледате нема да остане ни камен, што не ќе биде урнат. И Го прашаа, говорејќи: »Учителе, а кога ќе биде тоа и каков е знакот, дека ќе стане тоа?« Он рече: »Чувајте се, да не ве прелажат; зашто мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе зборуваат оти сум Јас, и дека времето се приближи. Но, не одете по нив! А кога ќе чуете за војни и бунтови, не плашете се; сето тоа треба да стане, но сѐ уште не е крајот.« Тогаш им рече: »Ќе се крене народ против народ, и царство против царство; а на некои места ќе има и големи потреси, и глад и помор; ќе има стравотии и големи знаци на небото. А пред сето тоа ќе стават раце на вас и ќе ве изгонат, предавајќи ве на синагогите и затворите, и ќе ве водат пред цареви и управници, заради Моето име. И тоа ќе ви биде вам за сведоштво. И така, ставете си при срце да не размислувате однапред што ќе одговарате, зашто Јас ќе ви дадам уста и мудрост, на која не ќе можат да ѝ противречат ниту да ѝ се противстават сите ваши противници. Ќе бидете предадени исто така и од родители, и од браќа и од роднини, и од пријатели, а некои од вас ќе бидат убиени; и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име. Но, ни влакно од главата ваша нема да загине; со трпение спасувајте си ги душите. А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте – дека се приближило неговото запустување. Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него, зашто тоа се дните на одмазда, за да се изврши сѐ што е напишано. Но тешко на бремените и доилките во тие дни: зашто голема мака ќе биде на земјата, и гнев врз овој народ; и ќе паднат од сечилото на мечот, и ќе бидат одведени во плен по сите народи; а Ерусалим ќе го газат незнабошци, сѐ додека не се свршат времињата на незнабошците. И ќе има знаци на сонцето, и на месечината, и на ѕвездите; а на земјата – тага кај народите од неизвесноста и од бучењето на морето, и од брановите; луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и силите небески ќе попуштат. И тогаш ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаци, со сила и слава голема. А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение.« Им кажа парабола: »Погледајте ја смоквата и сите дрвја; кога ќе видите дека потеруваат, сами знаете оти летото е веќе близу. Па така, кога ќе видите дека станува ова, знајте оти се приближи царството Божјо. Вистина ви велам, нема да премине овој род, дури сето тоа не се исполни. Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат. Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно; оти тој ќе дојде како примка за сите што живеат по целата земја; бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она, што ќе настане, и да се исправите пред Синот Човечки!« Дење проповедаше Он во храмот, а ноќе излегуваше и ноќеваше во гората, наречена Елеонска. И сиот народ доаѓаше наутро при Него во храмот, за да Го слуша. Се приближуваше празникот Бесквасници, наречен Пасха; а првосвештениците и книжниците гледаа како да Го погубат, оти се плашеа од народот. И влезе сатаната во Јуда, наречен Искариот, еден од бројот на дванаесетте. И кога отиде, се договори со првосвештениците и началниците, како да им Го предаде. Тие се зарадуваа и се согласија да му дадат сребреници. И тој вети, и бараше погодно време, да им Го предаде тајно од народот. И дојде денот Бесквасници, кога требаше да се заколе пасхалното јагне; па ги испрати Исус Петра и Јована и им рече: »Отидете и пригответе ни пасха, за да јадеме!« А тие Му рекоа: »Каде сакаш да приготвивме?« Он им рече: »Ете, влегувајќи в град, ќе ве сретне човек со стомна вода; одете по него во куќата, каде што ќе влезе, и кажете му на домаќинот од куќата: ‚Учителот ти вели: каде е собата, во која треба да јадам пасха со учениците Свои?‘ И тој ќе ви покаже голема одаја, послана; таму пригответе.« Кога отидоа, најдоа како што им беше рекол и ја приготвија пасхата. А кога дојде времето, Он седна на трпезата и дванаесетте апостоли со Него. И им рече: »Од сѐ срце сакав да ја јадам оваа пасха со вас, пред да пострадам; оти, ви велам: нема веќе да јадам од неа, дури таа не се доврши во царството Божјо.« Па како ја зеде чашата, заблагодари и рече: »Земете и разделете ја помеѓу себе, зашто нема да пијам од лозовиот плод, додека не дојде царството Божјо.« Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: »Ова е Моето тело, што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!« Исто така и со чашата, по вечерата, велејќи: »Оваа чаша е Новиот завет со Мојата крв, која се пролива за вас. Но, ете, раката на оној што Ме предава е со Мене на трпезава. Синот Човечки, пак, оди, според она како што е определено, но тешко му на оној човек, што ќе Го предаде.« И почнаа да се прашуваат помеѓу себе, кој ли ќе е од нив што ќе го направи тоа? А се појави помеѓу нив и препирка, кој од нив да се смета за поголем. Но Он им рече: »Царевите владеат над народите, а оние што управуваат над нив се викаат добротвори. Вие, пак, немојте така; но поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот, и тој, што е старешина, да биде како слуга. Зашто кој е поголем: тој што седи на трпеза, или оној што слугува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како слуга. Но вие сте, кои издржавте со Мене во Моите напасти, и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство, за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израилеви колена.« И рече Господ: »Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица; но Јас се молев за тебе, за да не намали твојата вера; а ти некогаш, кога ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!« А тој Му одговори: »Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и на смрт.« Но Он му рече: »Ти велам, Петре, нема денес да пропее петел, дури трипати не откажеш оти Ме познаваш.« Па им рече: »Кога ве пратив без ќесе, и без торба, и без обувки, останавте ли лишени од нешто?« Тие одговорија: »Од ништо.« И им рече: »Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си го продаде облеклото и да купи нож; зашто, ви велам, на Мене треба да се изврши и ова од Писмото: ‚И меѓу злочинци Го кладоа.‘ Оти она што се однесува на Мене, се исполнува.« А тие рекоа: »Господи, еве овде има два ножа.« Он им одговори: »Доволни се.« И кога излезе, тргна, како обично кон Елеонската Гора; по Него одеа и учениците Негови. А штом дојде на тоа место, им рече: »Молете се за да не паднете во искушение!« И Он се одвои од нив, колку камен што може да се фрли, па преклони колена и се молеше, велејќи: »Оче, кога би сакал да Ме одмине оваа чаша! Но нека не биде Мојата волја, туку Твојата!« И Му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше. Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата. Штом стана од молитвата, дојде при учениците Свои и ги најде заспани од тага. И им рече: »Зошто спиете? Станете и молете Му се на Бога, за да не паднете во искушение!« И додека Он уште зборуваше, ете, се појави многу народ и пред сите одеше еден од дванаесетте, наречен Јуда, кој се приближи до Исуса да Го целива. Зашто таков знак им беше дал: »Кого ќе Го целивам, Он е.« А Исус му рече: »Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?« Оние, пак, што беа со Него, кога видоа што ќе стане, Му рекоа: »Господи, да удриме ли со нож?« И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. А Исус одговори и рече: »Оставете го тоа, запрете!« Па, кога се допре до увото негово, го излекува. А на првосвештениците и црковните управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: »Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите? Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на мракот.« И кога Го фатија, Го поведоа и одведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него. Кога запалија оган во дворот и седнаа наоколу, седна и Петар меѓу нив. А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, погледна на него и рече: »И овој беше со Него!« Но тој се одрече од Него, велејќи: »Жено, не го познавам!« Малку потоа, кога го виде еден друг, рече: »И ти си од нив!« Но Петар му рече: »Човеку, не сум!« А кога мина време околу еден час, друг еден почна да тврди, зборувајќи: »Навистина, и овој беше со Него, оти е Галилеец!« Но Петар рече: »Човеку, не знам што зборуваш!« И одеднаш, уште дури говореше, петел запеа. Тогаш Господ се заврти и го погледна Петра, а Петар се сети на Господовите зборови што му ги беше рекол: »Уште додека петел не пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.« И штом излезе надвор, заплака горко. А луѓето, што го држеа Исуса, Му се потсмеваа и Го биеја. Па, кога Го покрија, Го удираа по образите и Го прашуваа, велејќи: »Проречи кој Те удри?« И многу други хули рекоа против Него. А кога се раздени, се собраа старешините народни, првосвештениците и книжниците и Го воведоа во Синедрионот, и рекоа: »Ако си Ти Христос, кажи ни!« Но Он им одговори: »И да ви кажам, нема да поверувате. И да ве запрашам, нема да Ми одговорите, ниту ќе Ме пуштите. Отсега Синот Човечки ќе седи оддесно на силата Божја.« И сите рекоа: »Ти ли си, значи, Син Божји?« А Он им рече: »Вие велите дека сум Јас.« А тие рекоа: »Какво сведоштво ни треба уште? Ние сами чувме од Неговата уста.« И сето мноштво се крена, па Го поведоа кон Пилата, и почнаа да Го обвинуваат, говорејќи: »Го најдовме Овој како го развратува народот наш и забранува да се дава данок на ќесарот, и вели за Себе, дека е Он Христос Цар.« А Пилат Го запраша, велејќи: »Ти ли си Царот Јудејски?« Он одговори и му рече: »Ти велиш.« Пилат им рече на првосвештениците и на народот: »Јас не наоѓам никаква вина кај Овој Човек.« Но тие и понатаму велеа дека Он го буни народот и поучува по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па до вде. А Пилат, штом чу за Галилеја, запраша: »Зар е Овој Човек Галилеец?« И кога разбра дека е Он од областа Иродова, Го испрати при Ирода, кој во тие денови, исто така, беше во Ерусалим. Ирод, кога Го виде Исуса, се зарадува многу, бидејќи одамна имаше желба да Го види, зашто беше слушал многу за Него, па се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него, и Му поставуваше многу прашања, но Он ништо не одговори. А првосвештениците и книжниците стоеја и непрекинато Го обвинуваа. Ирод, пак, со војниците свои, откако Го понизи и Му облече светла облека, Го прати пак при Пилата. И во тој ден Пилат и Ирод станаа пријатели, оти порано беа скарани помеѓу себе. А Пилат ги повика првосвештениците и управниците, и народот, па им рече: »Ми Го доведовте Овој Човек како бунтовник на народот; а еве, јас пред вас Го испитав и не најдов кај Него никаква кривица во она, во што Го обвинувате; и Ирод исто така, оти Го пратив и при Него; и ете, Он не направил ништо, што би заслужувало смрт; па затоа ќе Го накажам и ќе Го пуштам.« А тој требаше за празникот да им ослободи еден затвореник. Но сиот народ повика, говорејќи: »Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!« Варава беше фрлен в затвор заради некаква буна во градот и убиство. Пилат одново извика гласно дека сака да Го пушти Исуса. Но тие викаа, велејќи: »Распни Го, распни!« Тој и по трет пат им рече: »Та какво зло направил Овој? Јас не најдов во Него ништо, што заслужува смрт; па затоа ќе Го накажам и ќе Го пуштам.« Но тие постојано настојуваа со голем вик и бараа да биде распнат; и надвладеа нивниот вик и оној на првосвештениците. И Пилат пресуди да им биде по желбата нивна, па им го пушти затворениот во темница за бунт и убиство, за кого молеа; и Исуса им Го предаде на нивна волја. И кога Го поведоа, Го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од нива, и му го кладоа крстот, за да го носи по Исуса. А по Него одеа многу луѓе и жени, кои плачеа и ридаа за Него. Но Исус, кога се заврте кон нив, им рече: »Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за своите деца; зашто, ете, се приближуваат деновите, кога ќе се рече: ‚Блазе на неплодните и на утроби што не родиле, и на гради што не доеле!‘ Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ‚Паднете врз нас‘, и на ридиштата, ‚покријте нѐ!‘ Оти, кога ова го прават со зеленото дрво, што ќе биде тогаш со сувото?« Водеа и двајца злочинци, за да ги погубат со Него. И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злочинците, едниот оддесно, а другиот одлево. А Исус рече: »Оче, прости им, оти не знаат што прават!« И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждреб. А народот стоеше и гледаше; се потсмеваа заедно со народот и првосвештениците, велејќи: »Други спаси, нека Се спаси и Сам, ако е Он Христос, избраникот Божји!« Исто така и војниците се подигруваа со Него: приближувајќи се, тие Му поднесуваа оцет, и велеа: »Ако си Ти Царот Јудејски, спаси се Сам!« А над Него имаше натпис, напишан на грчки, латински и еврејски: »Овој е Царот Јудејски.« Еден од распнатите злочинци хулеше на Него, велејќи: »Ако си Ти Христос, спаси се Себеси и нас!« А другиот, кога одговори, го искара и рече »Зар и од Бога не се боиш, кога си веќе и сам осуден? Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Он ништо лошо не направил.« И Му рече на Исуса: »Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!« А Исус му рече: »Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!« А беше веќе околу шестиот час и настана мрак по целата земја, до деветтиот час; и сонцето потемне, и црковната завеса се расцепи преку средината. А Исус извика гласно и рече: »Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!« И штом го рече тоа, издивна. Стотникот, пак, кога виде што стана, Го прослави Бога и рече: »Навистина Овој Човек бил праведник!« И сиот народ, што беше се собрал да гледа, кога виде што стана, се враќаше со удирање в гради. А сите Негови познати, и жените, што Го следеа од Галилеја, стоеја подалеку и го гледаа тоа. И ете, некој си, по име Јосиф, член на советот, човек добар и праведен, – тој не беше учествувал во советот и во делата нивни, – од Ариматеја, град Јудејски, кој и сам го очекуваше царството Божјо, отиде при Пилата и го измоли телото Исусово; па Го симна и обви во платно, Го положи во исечен гроб, во кој уште никој не беше положен. Тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше. По него одеа и жените, што беа дошле со Исуса од Галилеја, и го видоа гробот и полагањето на телото Негово; па, кога се вратија, приготвија мириси и миро, а во саботата одморија според заповедта. Во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси, а заедно со нив беа и некои други; но плочата на гробот ја најдоа превртена. И како влегоа, не го најдоа телото на Господа Исуса. И додека се чудеа на тоа, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки; тие се уплашија и ги наведнаа лицата кон земјата, а овие им рекоа: »Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Он не е овде, а воскресна; сетете се како ви рече, кога беше уште во Галилеја, говорејќи, дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне.« И се сетија на Неговите зборови. Па штом се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на единаесетте и на сите други. А тие беа Марија Магдалина, и Јоана, и Марија Јаковова и други со нив, што им го кажаа тоа на апостолите. И нивните зборови им изгледаа како лага, и не им поверуваа. Но Петар стана и отиде бргу до гробот, и кога се наведна, го виде внатре само покровот и се врати, чудејќи се сам во себе за она што станало. Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии; и зборуваа помеѓу себе за сите овие настани. И кога разговараа и се запрашуваа еден со друг, Сам Исус се приближи и одеше со нив; но очите им се замрежија за да не Го познаат. А Он им рече: »Какви се тие зборови што ги разменувате помеѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?« Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: »Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал, што стана во него овие дни?« И ги праша: »Што?« Тие Му одговорија: »Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ; дека нашите првосвештеници и управници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа; а ние се надевавме оти е Он Оној што треба да го избави Израилот; но и покрај сето тоа, денес е веќе трет ден, откако стана ова. А и некои жени од нашите нѐ исплашија; тие биле рано на гробот, и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и дека им кажале оти е Он жив. Отидоа на гробот и некои од нашите и најдоа исто така, како што рекоа жените; но Него не Го виделе.« Тогаш им рече: »О, безумни и тврди по срце, да верувате во сѐ што рекле пророците! Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?« Па, како почна од Мојсеја и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо. И тие се приближија до селото, во кое одеа; а Он се направи како да сака да продолжи. Но тие Го задржаа, велејќи: »Остани со нас, оти денот превали и наскоро ќе се стемни!« Он влезе и остана со нив. А кога седеше со нив на трпеза, зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаде; тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Он стана невидлив за нив. И си рекоа еден на друг: »Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?« Па во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани единаесетте и оние што беа со нив, каде што говореа дека Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симона. И тие кажаа за она, што им се случи по патот и како Го познаа, кога го прекршувал лебот. Додека тие уште зборуваа за тоа, Сам Исус застана среде нив и им рече: »Мир вам!« А тие, така збунети и уплашени, помислија оти гледаат дух. Но Он им рече: »Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши? Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Мене и гледајте; зашто духот нема тело и коски, а, како што гледате, Јас имам.« А кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете. Но, додека тие од радост уште не веруваа и се чудеа, Он им рече: »Имате ли овде нешто за јадење?« Тие Му дадоа парче риба печена и мед со саќе. И кога зеде, јадеше пред нив. Па им рече: »Ете, тоа е она за што ви зборував уште додека бев со вас, оти треба да се исполни сѐ што е напишано за Мене во Законот Мојсеев и кај Пророците, и во Псалмите.« Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата, и им рече: »Така е напишано и така требаше да пострада Христос и да воскресне од мртвите на третиот ден, и да биде проповедано во Неговото име и покајание и проштавање на гревовите кај сите народи, почнувајќи од Ерусалим; а вие сте сведоци за ова. И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, дури не се облечете во сила одозгора.« И ги изведе надвор во Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови. И кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото; тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. И беа постојано во храмот, каде што Го прославуваа и благословуваа Бога. Амин! Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото. Тоа во почетокот беше во Бога. Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана. Во Него имаше Живот и Животот им беше светлина на луѓето. И Светлината во темнина свети и мракот на ја опфати. Имаше еден човек по име Јован, пратен од Бога; тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. Тој не беше Светлина, туку да сведочи за Светлината. Постоеше вистинска Светлина, Која го просветлува секој човек, што доаѓа на светов. Во светот беше и светот преку Него стана, но светот не Го позна. Дојде при Своите и Своите не Го примија. А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде можност да станат синови Божји: кои не од крв, ни од похот машка, а од Бога се родија. И Словото стана тело и се всели во нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот. Јован сведочеше за Него и велеше зборувајќи: »Овој е за Кого реков: Оној, Кој иде по мене, ме испревари, оти постоеше порано од мене!« И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат; зашто Законот беше даден преку Мојсеја, а благодатта и вистината произлегоа од Исуса Христа. Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот – Он Го објави. И тоа е сведоштвото на Јована, кога Јудејците испратија од Ерусалим свештеници и левити за да го прашаат: »Кој си Ти?« Тој призна и не одрече, а објави: »Не сум јас Христос.« И го прашаа: »А што си? Илија ли си ти?« Одговори: »Не сум.« »Пророк ли си?« И одговори: »Не.« А тие Му рекоа: »Па кој си, за да можеме да им одговориме на оние, што нѐ испратија; што велиш за себе?« Тој рече: »Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го патот на Господа,« како што вели пророкот Исаија. А испратените беа од фарисеите; И го запрашаа, велејќи: »Зошто тогаш крштаваш, кога не си Христос, ни Илија, ниту пророк?« Јован им одговори и рече: »Јас крштавам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате. Он е Оној што иде по мене, Кој беше пред мене, и Кому јас не сум достоен да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови.« Ова се случи во Витавара, отаде Јордан, каде што крштаваше Јован. На другиот ден, Го виде Јован Исуса како доаѓа при него и рече: »Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе! Овој е, за Кого реков: по мене иде Човек, Кој пред мене беше, оти постоеше порано од мене. Јас не Го познавав, но дојдов да крштавам со вода, за да биде Он објавен на Израилот.« И сведочеше Јован, велејќи: »Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и остана над Него. Јас не Го познавав, но Оној, што ме прати да крштавам со вода, ми рече: ‚Врз Кого видиш да слегува Духот и да останува над Него, Тој е, Кој ќе крштава со Дух Свети.‘ И јас видов и посведочив, дека е Овој Син Божји.« А на другиот ден, пак, стоеше Јован и двајца од неговите ученици. И штом Го виде Исуса да врви, рече: »Еве Го Јагнето Божјо!« Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исуса. А Исус, кога се сврти и виде дека одат по Него, им рече: »Што барате?« Тие Му одговорија: »Рави (што значи – Учителе) каде живееш?« Им рече: »Дојдете и видете!« Тие отидоа и видоа каде живее; и останаа тој ден при Него. Беше околу десеттиот час. А еден од двајцата, што беа чуле за Исуса и беа тргнале по Него, беше Андреј братот на Симона Петра. Тој прв го најде брата си Симона и му рече: »Го најдовме Месија, кое значи: Христос!« И го одведе при Исуса. А Исус, кога го погледа, му рече: »Ти си Симон, син Јонин; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар – камен.« На другиот ден Исус намисли да отиде во Галилеја и го најде Филипа, па му рече: »Врви по Мене!« И Филип беше од Витсаида, од градот на Андреја и Петра. Филип го најде Натанаила и му рече: »Го најдовме Исуса, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот, и Пророците!« А Натанаил му рече: »Може ли нешто добро да излезе од Назарет?« Филип му одговори: »Дојди и види!« Исус, пак, кога го виде Натанаила да иде при Него, рече: »Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство.« Натанаил Му рече: »Од каде ме познаваш?« Исус му одговори и рече: »Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.« Му одговори Натанаил и рече: »Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот Израилев!« А Исус, одговарајќи, му кажа: »Веруваш, оти ти реков дека те видов под смоквата; ќе видиш повеќе од ова.« И пак рече: »Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки.« На третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска, и мајката на Исуса беше таму. Поканет беше исто така на свадбата и Исус, и учениците Негови. А кога приврши виното, Му рече мајка Му на Исуса: »Немаат вино.« Исус ѝ рече: »Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час.« Но мајка Му Негова им рече на слугите: »Сѐ што ќе ви рече, направете!« А таму имаше шест камени садови за вода, поставени за миење, според јудејскиот обичај, што собираа по две до три мери. А Исус им рече: »Наполнете ги садовите со вода!« И тие ги наполнија догоре. Па им кажа: »Нацрпете сега и однесете му на старосватот!« И му однесоа. И кога вкуси старосватот од виното, што беше станало од вода – а тој не знаеше од каде е, но слугите, што ја беа донеле водата, знаеја, и го повика младоженецот, и му рече: »Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а, кога ќе се поднапијат гостите, тогаш полошото; но ти си го зачувал доброто вино за сега.« Така направи Исус почеток на Своите чудеса во Кана Галилејска и ја покажа славата Своја; и учениците Негови поверуваа во Него. Потоа слезе во Капернаум, Он и мајка Му, и браќата Негови, и учениците Негови; и таму останаа неколку дена. Се приближуваше Пасха јудејска, и Исус се искачи во Ерусалим; и ги затече во храмот оние што продаваа волови, овци и гулаби, и менувачите на пари – како седат. И кога направи бич од врвци, ги истера од храмот сите, и овците и воловите; а на менувачите им ги растури парите и ги испреврти масите; па им рече на оние што продаваа гулаби: »Носете го тоа одовде, и од домот на Мојот Отец немојте да правите дом за тргување!« Учениците, пак, Негови тогаш се сетија дека е напишано: »Ревноста за Твојот Дом Ме изеде.« А Јудејците одговорија и Му рекоа: »Со каков знак ќе ни докажеш дека можеш да го правиш тоа?« И им одговори Исус и рече: »Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам.« А Јудејците рекоа: »Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дена ли ќе го подигнеш?« Но Он говореше за храмот на Своето тело. А кога воскресна од мртвите, се сетија учениците Негови дека за ова беше говорел, и поверуваа на Писмото и на зборот, што го беше рекол Исус. И кога беше во Ерусалим на празникот Пасха, мнозина, гледајќи ги чудесата Негови, што ги вршеше, поверуваа во Неговото име. Но Сам Исус не им се доверуваше, оти ги познаваше сите, и немаше потреба никој да Му сведочи за човекот, бидејќи Сам знаеше, што има во човекот. Меѓу фарисеите беше еден човек по име Никодим, кнез јудејски. Тој дојде при Исуса ноќно време и Му рече: »Рави! Знаеме дека си Ти учител, дојден од Бога, зашто никој не може да ги прави овие чудеса, што ги правиш Ти, ако не е со него Бог.« Му одговори Исус и рече: »Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо.« Никодим Му рече: »Како може човек да се роди, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?« А Исус му одговори: »Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо; зашто, роденото тело од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е. Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора. Ветрот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Дух.« Никодим Му одговори и рече: »Како може тоа да биде?« Исус одговори и му рече: »Ти си учител Израилев, па тоа ли не го знаеш? Вистина, вистина ти велам: ние зборуваме за она, што знаеме, и сведочиме за она, што сме виделе; а вие нашето сведоштво не го примате. Кога за земни работи ви зборував и не верувавте, како ќе поверувате, ако би ви говорел за небесните? Никој не се искачи на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото и Кој пребива на небото. И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него, да не загине, но да има живот вечен. Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен. Оти Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него. Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, оти не поверувал во името на Единородниот Син Божји. А овој суд е за тоа што Светлината дојде на светот, но на луѓето им омиле повеќе мракот отколку светлината, оти нивните дела беа лоши. Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави. А оној што твори вистина, оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени.« Потоа дојде Исус со учениците Свои во земјата Јудејска, и таму живееше со нив и крштаваше. А Јован крштаваше во Енон, близу Салим, зашто таму имаше многу вода; и доаѓаа и се крштаваа, оти Јован уште не беше фрлен в затвор. Тогаш настана расправија меѓу учениците Јованови и Јудејците околу очистувањето. И дојдоа при Јована и му рекоа: »Учителе, Оној што беше со тебе отаде Јордан и за Кого ти сведочеше, ете, Он крштава и сите одат при Него.« А Јован одговори и рече: »Не може човек ништо да прими, ако не му е дадено од небото. Вие сами сте мои сведоци дека реков: ‚Јас не сум Христос, но сум испратен пред Него.‘ Оној што има невеста, младоженец е; а пријателот на младоженецот, кој стои и слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа, пак, моја радост се исполни. Он треба да расте, а јас да се смалувам! Кој доаѓа одозгора, тој е над сите; а кој е од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото, над сите е. И за она што виде и чу, за тоа сведочи; и сведоштвата Негови никој не ги прима. Кој го примил Неговото сведоштво, потврдил дека Бог е вистинит. Кого, пак, Бог испратил, он кажува Божји зборови; оти Бог не Го дава Духот со мерка. Зашто Отецот Го љуби Својот Син и сѐ Му даде во раката Негова. Кој верува во Синот, има живот вечен; а кој не верува во Синот, нема да види живот, но гневот Божји ќе биде врз него.« Кога разбра Исус дека фарисеите чуле, оти Он придобива повеќе ученици отколку Јован, и крштава, макар што Сам Исус не крштаваше, а учениците Негови, ја напушти Јудеја и отиде пак во Галилеја. Требаше да мине преку Самарија. И така, дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, близу до земјиштето, што му го даде Јаков на сина си Јосифа. Таму беше изворот на Јакова. И Исус, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час. Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: »Дај Ми да пијам!« А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна. Жената Самарјанка Му рече: »Како Ти, бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?« – Оти Јудејците со Самарјаните не се мешаат. Исус ѝ одговори и рече: »Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: ‚Дај Ми да пијам‘ – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива.« Жената Му рече: »Господи, Ти нема со што да нацрпиш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш вода жива? Зар си Ти поголем од нашиот татко Јакова, кој ни го даде овој кладенец! И сам тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!« Исус ѝ одговори и рече: »Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен.« Жената Му рече: »Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење!« Исус ѝ рече: »Оди, повикај го мажа си и дојди тука!« Жената одговори и Му рече: »Немам маж.« Исус ѝ рече: »Право кажа дека немаш маж; зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече.« Жената Му одговори: »Господи, гледам дека си Ти пророк. Нашите татковци се клањаа во оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се клањаме.« Исус ѝ рече: »Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот. Вие му се клањате на она, што не го знаете; а ние се клањаме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците. Но иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат. Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.« Жената Му рече: »Знам оти ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Он, сѐ ќе ни каже.« А Исус ѝ рече: »Јас сум, Кој зборувам со тебе.« И тогаш дојдоа учениците Негови и се зачудија дека говореше со жената; но ниеден не Му рече: »Што сакаш?« или »Што зборуваш со неа?« А жената ја остави својата стомна и отиде в град и им рече на луѓето: Дојдете, видете Го човекот, Кој ми кажа сѐ што сум направила. Да не е Он Христос? Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него. Во тоа време, пак, учениците Го молеа, велејќи: »Рави, јади!« Но Он им рече: »Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.« Тогаш учениците си проговорија помеѓу себе: »Освен ако Му донел некој да јаде?« А Исус им рече: »Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело. Не велите ли вие, дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А Јас, пак, ви кажувам: подигнете ги очите свои и видете ги нивите како побелеле, готови се за жетва. И жетварот веќе добива награда и собира плод за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот. Зашто во ова вистинска е поговорката: ‚Еден сее, а друг жнее.‘ Јас ве пратив да жнеете, каде што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.« И мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него по зборовите на жената, која сведочеше: »Ми кажа сѐ што сум направила.« Кога дојдоа, пак, Самарјаните при Него, Го помолија да остане кај нив. И Он остана таму два дена. И уште повеќе поверуваа поради словото Негово; а на жената ѝ велеа: »Сега веќе не веруваме од твоето кажување, оти сами чувме и знаеме дека е Он Спасителот на светот, Христос.« А по два дена, Он излезе оттаму и отиде во Галилеја. Зашто Сам Исус беше посведочил, дека пророкот во своето родно место нема чест. Кога дојде, пак, во Галилеја, Галилејците Го примија, зашто беа виделе сѐ што изврши во Ерусалим на празникот; оти и тие беа на празникот. И така, Исус пак дојде во Кана Галилејска, каде што беше претворил вода во вино. Имаше еден царски човек, чиј син беше болен во Капернаум. Штом чу дека Исус пристигнал од Јудеја во Галилеја, тој отиде при Него и Го замоли да слезе и да му го излекува синот, зашто беше на умирање. А Исус му рече: »Ако не видите знаци и чудеса, нема да поверувате.« Царскиот човек Му рече: »Господи, дојди додека уште не умрело детето мое!« А Исус му одговори: »Оди си! Твојот син е жив!« И човекот поверува на зборот, што му го кажа Исус и си замина. И веднаш, кога слегуваше, го сретнаа слугите негови и му јавија: »Синот твој е жив!« А тој ги праша за часот кога му станало полесно. Тие му одговорија: »Вчера во седмиот час го остави огнот.« Тогаш таткото разбра дека тоа станало во истиот час, кога Исус му рече: »Твојот син е жив!« И поверува тој и целиот негов дом. Ова, пак второ чудо го изврши Исус, кога пристигна од Јудеја во Галилеја. Потоа беше празник јудејски, и се искачи Исус во Ерусалим. А во Ерусалим, при Овчата порта, има бања, по еврејски наречена Витезда, со пет тремови. Во нив лежеа мнозина болни, слепи, хроми, суви, кои очекуваа да се раздвижи водата, зашто одвреме навреме во бањата слегуваше ангел Господов и ја раздвижуваше водата; и кој прв ќе влезеше по раздвижувањето на водата, оздравуваше од каква и да било болест да боледуваше. Имаше таму и еден човек, кој боледувал триесет и осум години. Исус, кога го виде како лежи и штом узна дека од многу години боледува, му рече: »Сакаш ли да оздравиш?« Болниот Му одговори: »Да, Господи! Само немам човек што ќе ме спушти во бањата кога ќе се замати водата; додека, пак, јас дојдам, друг слегува пред мене.« Исус му рече: »Стани, земи ја постелката своја и оди си!« И веднаш оздраве човекот, ја зеде постелката своја и одеше. А тој ден беше сабота. Заради тоа Јудејците Му рекоа на исцелениот: »Сабота е и не треба да ја земаш својата постелка!« Но тој им одговори: »Оној, што ме излекува, ми рече: ‚Земи ја постелката своја и оди!‘« А тие го прашаа: »Кој е човекот што ти рече: ‚Земи ја постелката своја и оди?‘« Но исцелениот не знаеше кој е, зашто Исус се беше отстранил, оти на тоа место имаше многу народ. А потоа Исус го сретна во храмот и му рече: »Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!« А човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус е Оној, што го излекувал. И затоа Јудејците Го гонеа Исуса и сакаа да Го убијат, оти тоа го вршеше во сабота. А Исус им одговараше: »Мојот Отец досега работи, и Јас работам.« Затоа Јудејците уште повеќе сакаа да Го убијат, оти не само што ја нарушуваше саботата, туку и Бога Го наречуваше Свој Отец, правејќи се еднаков со Бога. А Исус им одговори на тоа и рече: »Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави; оти, она што го прави Он, тоа исто го прави и Синот. Зашто, Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сѐ што прави Сам; и ќе Му покаже дела поголеми од овие, за да се чудите вие. Оти, како што Отецот воскреснува од мртви и оживува, така и Синот ги оживувава оние, кои што сака. Отецот не суди никого, но целиот суд Му го предаде на Синот; та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот. Кој не Го почитува Синот, тој не Го почитува ни Отецот, Кој што Го пратил. Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној, Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, а преминал од смрт во живот. Вистина, вистина ви зборувам: иде часот и дошол веќе, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и, штом го чујат, ќе оживеат. Оти, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе; и Му даде власт да осудува, оти е Син Човечки. Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување. Но Јас ништо не можам да правам Сам од Себе. Како што слушам, така и судам, и Мојот суд е праведен, оти не ја барам волјата Моја, а волјата на Отецот, Кој што Ме пратил. Ако Јас сведочам Сам за Себе, сведоштвото Мое нема да биде вистинско. Но има Друг што сведочи за Мене; и знам дека е вистинско тоа сведоштво, со кое Он сведочи за Мене. Вие пративте при Јована и тој ви посведочи за вистината. Само Јас не го примам сведоштвото од човек; туку го кажувам ова, за да се спасите вие. Тој беше светило, што гори и свети, а вие малку време сакавте да се порадувате на неговата светлина. Но Јас имам поголемо сведоштво од Јовановото; оти делата што Ми ги даде Отецот да ги извршам, самите тие дела, што ги извршувам Јас, сведочат за Мене дека Ме пратил Отецот. И Отецот, Кој Ме прати, Сам посведочи за Мене. А вие ни гласот Негов никогаш не сте го чуле, ниту лицето Негово сте го виделе. И зборовите Негови не се во вас, зашто не верувате во Оној, Кого Го пратил Он. Прегледајте го Писмото, зашто вие мислите дека преку него ќе имате живот вечен; и тоа сведочи за Мене. Но не сакате да дојдете при Мене, за да имате живот. Од луѓе слава не примам, но ве разбрав, дека во себе љубов Божја немате. Јас дојдов во името на Мојот Отец и не Ме примате; а некој друг, ако дојде во свое име, него ќе го примите. Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате? Немојте да мислите дека Јас ќе ве обвинувам пред Отецот; има кој да говори против вас – Мојсеј, на кого вие се надевате. Оти, ако бевте му верувале на Мојсеја, и Мене ќе Ми поверувавте, зашто тој пишуваше за Мене. Ако, пак, на неговите напишани работи не поверувавте, како тогаш ќе им поверувате на Моите зборови?« Потоа отиде Исус на другата страна од Галилејското Море, наречено Тиверијадско. И по Него одеше многу народ, оти ги гледаа чудесата Негови, што ги вршеше над болните. А Исус отиде во гората и таму седеше со учениците Свои. И наближуваше Пасха, празникот јудејски. Исус, пак, кога ги подигна очите и виде, дека кон Него иде многу народ, му рече на Филипа: »Од каде да купиме леб, за да јадат овие?« А тоа го рече за да го искуша, зашто Сам знаеше што ќе направи. Филип Му одговори: »Не ќе им биде доволно за двесте динарии леб, па да добие секој од нив по малку.« Еден од учениците Негови, Андреј, братот на Симона Петра, Му рече: Овде се наоѓа едно момче, кое има пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толку души? Исус рече: »Кажете им на луѓето да поседнат!« А на тоа место имаше многу трева. Тогаш поседнаа луѓето, на број околу пет илјади. Исус кога ги зеде лебовите, заблагодари и им ги подаде на учениците, а учениците на оние што поседнаа; исто така и од рибите, по колку кој сакаше. А кога се наситија, им рече на учениците Свои: »Соберете ги останатите парчиња, за да не се загуби ништо!« И од петте јачменови лебови собраа и наполнија дванаесет кошеви парчиња, што им преостанаа на оние што јадеа. А луѓето, кога го видоа чудото што го направи Исус, рекоа: »Овој е навистина Пророкот, Кој требаше да дојде на светот!« Но Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да Го направат цар, се оддалечи Сам во гората. А приквечер, учениците Негови слегоа до морето, и влегоа во кораб; и кинисаа преку морето кон Капернаум. Морето, пак, се подигаше, оти дуваше силен ветар. И кога беа поминале дваесет и пет – до триесет стадии, Го видоа Исуса како оди по морето и се приближува кон коработ, па се уплашија. Но Он им рече: »Јас сум, не бојте се!« Тогаш тие сакаа да Го примат во коработ; и веднаш коработ пристигна до брегот, каде што одеа. Утредента наутро, народот, што стоеше од другата страна на морето, забележа оти таму немаше друг кораб освен еден, во кој влегоа учениците Негови, и дека Исус не влезе во коработ со учениците Свои, а тие сами заминаа. И други кораби дојдоа од Тиверијада, близу до она место, каде што беа јале леб, по благословувањето Господово. И кога видоа луѓето дека Исус не беше таму, ниту учениците Негови, влегоа сами во кораби и дојдоа во Капернаум да Го бараат Исуса. И, штом Го најдоа отаде морето, Му рекоа: »Рави, кога дојде овде?« А Исус им одговори и рече: »Вистина, вистина ви велам: вие не Ме барате затоа што видовте чудеса, туку затоа што јадовте од лебовите и се наситивте. Работете не за храна што се расипува, но за храна што останува за живот вечен и која ќе ви ја даде Синот Човечки, зашто врз Него сложил печат Бог Отец.« А тие Му рекоа: »Што да правиме, за да извршуваме дела Божји?« Исус им одговори и рече: »Делото Божјо е ова: да поверувате во Оној, Кого Го испрати Он.« А тие Му рекоа: »Каков знак ќе ни покажеш да видиме и да поверуваме? Што ќе направиш? Татковците наши јадеа мана во пустината, како што е напишано: ‚Леб од небото им даде да јадат.‘« Но Исус им рече: »Вистина, вистина ви велам: не Мојсеј ви даде леб од небото, а Мојот Отец ви дава вистински леб од небото. Зашто лебот Божји е Оној, Кој слегува од небото и му дава живот на светот.« Тогаш тие Му рекоа: »Господи, давај ни го секогаш тој леб!« А Исус им рече: »Јас сум лебот на животот; кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни. Но ви реков – дека вие и Ме видовте и пак не верувате. Сѐ што Ми дава Отецот, ќе дојде при Мене; а кој доаѓа при Мене, нема да го испадам надвор; оти слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати. А волјата на Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од сѐ што Ми дал да не погубам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден. Волјата на Оној што Ме прати е: секој што ќе Го види Синот и поверува во Него да има живот вечен, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.« Се разгневија против Него Јудејците, дека рече: »Јас сум лебот што слезе од небото«, и зборуваа: »Зар не е Овој Исус, Јосифовиот син, Чиј татко и мајка ги познаваме? Како тогаш Он вели: ‚Слегов од небото.‘« Им одговори Исус и рече: »Не гневете се помеѓу себе. Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Кај Пророците е напишано: ‚И ќе бидат сите од Бога научени.‘ Секој што чул од Отецот и се научил, доаѓа при Мене. Но тоа не значи дека некој Го видел Бога, освен Оној, Кој е од Бога; само Он Го видел Отецот. Вистина, вистина ви велам: Кој верува во Мене има живот вечен. Јас сум лебот на животот. Татковците ваши јадеа мана во пустината и умреа; а ова е леб што доаѓа од небото, и оној, кој јаде од него, нема да умре. Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот.« Јудејците пак почнаа да се препираат помеѓу себе, велејќи: »Како може Овој да ни го даде телото Свое да го јадеме?« А Исус им рече: »Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв – вистинско питие. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него. Како што Ме прати живиот Отец, и Јас живеам преку Отецот, така и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене. Ова е лебот што слезе од небото, а не како татковците ваши што јадеа мана и изумреа; кој јаде од овој леб, ќе живее довека.« Ова го кажа Исус во синагогата, кога поучуваше во Капернаум. Тогаш мнозина од учениците Негови, кои слушаа, рекоа: »Тешки се овие зборови! Кој може да ги слуша?« А Исус, знаејќи во Себе дека учениците Негови се бунат против тоа, им рече: »Зар ова ве соблазнува? Ами ако Го видите Синот Човечки да се вознесува горе, каде што бил порано? Духот е тој што оживува; телото ништо не помага. Зборовите што ви ги кажав се дух и живот. Но има меѓу вас и некои што не веруваат.« Исус знаеше од почетокот, кои се тие што не веруваат и кој е тој што ќе го предаде. И рече: »Затоа ви зборувам – дека никој не може да дојде при Мене, ако не му биде дадено од Мојот Отец.« Од тоа време мнозина од Неговите ученици се повлекоа и не одеа веќе со Него. Тогаш им рече Исус на дванаесетте: »Да не сакате и вие да си отидете?« А Симон Петар Му одговори: »Господи, при кого ќе отидеме? Ти имаш зборови за живот вечен, и ние поверувавме и познавме дека си Ти Христос, Син на живиот Бог.« Исус им одговори: »Не дванаесетмина ли ве избрав Јас? Но еден од вас е ѓавол.« А зборуваше за Јуда Симонов Искариот, оти тој, како еден од дванаесетте, сакаше да Го предаде. Потоа одеше Исус по Галилеја, зашто нејќеше да оди во Јудеја, оти Јудејците сакаа да Го убијат. Се приближуваше, пак, јудејскиот празник – Правење сеници. Тогаш браќата Негови Му рекоа: »Излези одовде и отиди во Јудеја, та и учениците Твои да ги видат делата што ги вршиш. Оти никој не прави нешто тајно, кога и сам сака да се прочуе. Ако Ти ги вршиш овие работи, тогаш покажи се пред светот.« Зашто и браќата Негови не веруваа во Него. А на тоа Исус им одговори: »Моето време уште не е дојдено, а за вас времето е секогаш годно. Светот вас не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, оти Јас сведочам за него, дека делата му се лоши. Вие отидете на овој празник; Јас нема да излезам на празникот, зашто времето Мое уште не се исполнило.« Откако го рече тоа, остана во Галилеја. Но, штом отидоа браќата Негови, отиде на празникот и Он, но не јавно, туку некако тајно. А Јудејците Го бараа на празникот, и велеа: »Каде е Оној?« И многу расправии имаше во народот за Него: едни зборуваа дека е добар; а други велеа: »Не, туку го заблудува народот.« Но никој не зборуваше за Него отворено, поради стравот од Јудејците. А кога се преполови празникот, влезе Исус во храмот и поучуваше. И се чудеа Јудејците, велејќи: »Како ги познава Овој Книгите, кога не учел?« Тогаш им одговори Исус и рече: »Учењето Мое не е Мое, а на Оној што Ме прати; и ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Сам од Себе зборувам. Кој говори сам од себе, тој ја бара својата слава; а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Он е вистина и во Него нема неправда. Зар не ви даде Мојсеј Закон? Но никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?« Народот одговори и рече: »Бес ли Те фатил? Кој сака да Те убие?« Одговори Исус и им рече: »Едно дело извршив и сите се чудите. Мојсеј ви даде обрезание, макар што тоа не е од Мојсеја, а од татковците – и вие во саботен ден го обрезувате човекот. Ако човек се обрезува во сабота, за да не се наруши Законот Мојсеев, на Мене ли се гневите што цел човек направив здрав во сабота? Не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд!« Тогаш некои од Ерусалим рекоа: »Не е ли Овој, Кого Го бараат да Го убијат? Ете, јавно говори и ништо не Му велат; да не се увериле и началниците, дека е Он навистина Христос? Но Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е.« Тогаш Исус, поучувајќи во храмот, извика гласно и рече: »И Мене Ме познавате, и знаете од каде сум; но Сам од Себе не дојдов, а има еден Вистински, Кој Ме пратил и Кого вие не Го познавате. Јас, пак, Го знам, оти сум од Него и Он Ме прати.« Тогаш сакаа да Го фатат. Но никој не кладе рака на Него, бидејќи уште не беше дошол часот Негов. И мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: »Кога ќе дојде Христос, зар ќе направи поголеми чудеса отколку што направи Овој?« Чуја фарисеите дека народот така зборува за Него, па тие и првосвештениците испратија слуги да Го фатат. Тогаш Исус им рече: »Уште малку време сум со вас, а потоа ќе отидам при Оној, Кој Ме пратил. Ќе Ме барате и нема да Ме најдете; и каде што ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дојдете.« А Јудејците си рекоа помеѓу себе: »Каде ќе оди Овој, за да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при расеаните меѓу Елините, па и Елините да ги поучува? Што значат овие зборови: ‚Ќе Ме барате и не ќе Ме најдете;‘ и ‚Каде што ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дојдете?‘« А во последниот голем ден од празникот застана Исус и извика со висок глас, велејќи: »Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие! Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода.« А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен. А мнозина од народот, кога ги чуја овие зборови, рекоа: »Навистина, Овој е пророк!« Други велеа: »Овој е Христос.« А некои рекоа: »Зар од Галилеја ќе дојде Христос? Не е ли речено во Писмото: дека Христос ќе дојде од семето Давидово и од грачето Витлеем, од каде што беше Давид?« И така настана во народот расправија за Него. А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него. Дојдоа, пак, слугите кај првосвештениците и фарисеите и овие им рекоа: »Зошто не Го доведовте?« А слугите одговорија: »Никогаш човек не говорел така како Овој Човек.« Тогаш им одговорија фарисеите: »Да не се прелагавте и вие? Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него? Но овој народ, што не го знае Законот, е проклет.« Никодим, пак, кој беше отишол при Него ноќе, а беше еден од нив, им рече: Осудува ли нашиот Закон човек, дури најнапред не го сослушаат и не узнаат што прави? А тие му одговорија и рекоа: »Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека пророк од Галилеја не се јавил.« И секој си отиде во својот дом. А Исус отиде во Елеонската Гора. Утредента пак дојде во храмот и сиот народ доаѓаше при Него. А Он седна и ги поучуваше. Тогаш книжниците и фарисеите доведоа при Него една жена, фатена во прељубодејство; па како ја изведоа насреде, Му рекоа: »Учителе, оваа жена сега е фатена во прељубодејство. А Мојсеј во Законот ни заповеда: такви со камења да ги убиваме; Ти, пак, што велиш?« Тоа го рекоа за да Го искушаат и да Го обвинат. А Исус се наведна долу и почна со прст да пишува по земјата, не гледајќи ги. Но кога продолжија да Го запрашуваат, Он се исправи и им рече: »Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа!« И пак се наведна долу и пишуваше по земјата. А тие, штом го чуја тоа, бидејќи совеста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите до последните; остана Исус Сам со жената, која стоеше насреде. А кога се исправи и не виде никого освен жената, Исус ѝ рече: »Жено, каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?« А таа рече: »Никој, Господи.« Тогаш Исус ѝ рече: »Ни Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш.« И пак им рече Исус, велејќи: »Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот.« Тогаш Му рекоа фарисеите: »Ти сведочиш Сам за Себе; Твоето сведоштво не е вистинско.« Исус им одговори и рече: »Макар што сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинско, зашто знам од каде сум дошол и на каде одам; а вие не знаете од каде сум дошол и на каде одам. Вие судите по телото, Јас не судам никому. И ако судам Јас, Мојот суд е вистински, зашто не сум Сам, туку Јас и Отецот, Кој Ме прати. А во Законот ваш е напишано, дека сведоштвото на двајца луѓе е вистинско. Јас сум што сведочам за Себе, и Отецот, Кој Ме прати, сведочи за Мене.« Тогаш му рекоа: »Каде е Твојот Отец?« Исус одговори: »Вие не Ме знаете ни Мене, ни Мојот Отец; Ако Ме знаевте Мене, ќе Го знаете и Мојот Отец.« Овие зборови ги кажа Исус при сокровишницата, кога поучуваше во храмот; и никој не Го фати, зашто уште не беше дошол часот Негов. Пак им рече Исус: »Јас си одам и ќе Ме барате, и во својот грев ќе умрете. Јас каде што ќе одам, вие не можете да дојдете.« Тогаш Јудејците рекоа: »Да не сака да се самоубие и затоа вели: ‚Јас каде што ќе одам, вие не можете да дојдете?‘« И им рече: »Вие сте од долните, а Јас сум од горните: вие сте од овој свет, Јас, пак, не сум од овој свет. Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; и навистина, ако не поверувате дека сум Јас, ќе умрете во гревовите свои.« Тогаш Му рекоа: »Кој си Ти?« Исус им одговори: »Почеток, како и што ви зборувам. Многу имам за вас да зборувам и да судам; но Оној што Ме прати е вистински и она, што сум чул од Него, тоа и му го кажувам на светот.« Но не разбраа дека им говореше за Отецот. А Исус им рече: »Кога ќе Го издигнете Синот Човечки, тогаш ќе узнаете дека сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе, туку, како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам. Оној што Ме прати е со Мене; Отецот не Ме остави Сам, оти секогаш го вршам она што Му е угодно.« Кога Он го зборуваше ова, мнозина поверуваа во Него. Тогаш Исус им говореше на Јудејците што беа поверувале во Него: »Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.« Му одговорија и рекоа: »Ние сме семе Авраамово и никогаш никому не сме робувале; а како Ти велиш: ‚Ќе бидете слободни!‘« Исус им одговори: »Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот. А робот не останува вечно дома; Синот останува вечно. И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни. Знам дека сте семе Авраамово, но сакате да Ме убиете, зашто словото Мое не може да се смести во вас. Јас го кажувам она што сум го видел кај Мојот Отец; а вие го правите она што сте виделе кај вашиот татко.« Му одговорија и рекоа: »Наш татко е Авраам.« Исус им рече: »Ако бевте чеда Авраамови, вие ќе ги вршевте делата Авраамови. А сега сакате да Ме убиете; Мене Човекот, Кој ви ја кажав вистината, што ја чув од Бога. Авраам така не правеше. Вие ги вршите делата на својот татко.« А тие Му рекоа: »Ние не сме родени од блудство; еден отец имаме – Бога.« Но Исус им рече: »Ако Бог беше ваш татко, тогаш ќе Ме сакавте Мене, бидејќи Јас сум излегол и доаѓам од Бога. Оти не сум дошол Сам од Себе, а Он Ме прати. Зошто не ги разбирате Моите зборови? Затоа што не можете да ги слушате поуките Мои. Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажец и татко на лагата. А бидејќи Јас вистината ви ја кажувам, не Ми верувате. Кој од вас може да Ме укори за неправда? Ако ли, пак, вистина зборувам, тогаш зошто не ми верувате? Кој е од Бога, тој ги слуша зборовите Божји. А вие не ги слушате, зашто не сте од Бога.« Тогаш Јудејците Му одговорија и рекоа: »Не зборуваме ли право, дека си Ти Самарјанин и дека бес има во Тебе?« Исус им одговори: »Во Мене нема бес, туку го почитувам Својот Отец, а вие Ме бесчестите. Но Јас не ја барам славата Своја; а има друг што ја бара, и Кој што ќе суди. Вистина, вистина ви велам: кој ќе ги запази зборовите Мои, нема да види смрт довека.« Тогаш Јудејците Му рекоа: »Сега разбравме дека во Тебе има нечист дух: Авраам умре, и пророците, а Ти велиш, кој ќе ги запази зборовите Мои, смрт нема да види довека. Да не си Ти поголем од нашиот татко Авраама, кој умре? И пророците умреа; а за кого се претставуваш Ти Сам?« Исус одговори: »Ако се славам Сам, тогаш славата Моја е ништо; Мојот Отец е, што Ме прославува, и за Кого вие велите дека е ваш Бог; но не Го познавате, а Јас, пак, Го знам. И ако кажам дека не Го познавам, ќе бидам лажец како вие. Но Јас Го знам и го пазам словото Негово. Авраам, таткото ваш, би се зарадувал да го види Мојот ден; и го виде, и се зарадува.« Тогаш Јудејците Му рекоа: »Уште немаш ни педесет години – а си го видел ли Авраама?« Исус им рече: »Вистина, вистина ви велам: Јас постојам уште пред да се роди Авраам.« Тогаш зедоа камења, за да ги фрлат на Него; Исус се сокри и излезе од храмот, и минувајќи помеѓу нив, така си отиде. Кога одеше, виде еден слеп човек од неговото раѓање. Учениците Негови Го прашаа и рекоа: »Рави, кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп?« Исус им одговори: »Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него. Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е уште ден; оти настапува ноќ, кога не ќе може никој да работи. Дури сум во светот, Јас сум Светлина на светот.« Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот, и му рече: »Отиди и измиј се во бањата Силоам, што значи: ‚пратен‘!« Тој отиде, се изми и дојде прогледал. А соседите и оние, што порано го беа гледале како слеп, рекоа: »Зар не е овој што седеше и просеше?« Едни велеа: »Тој е«, а други: »Личи на него.« Тој, пак, зборуваше: »Јас сум.« Тогаш го прашаа: »Како ти се отворија очите?« Тој одговори и рече: »Еден Човек, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: ‚Отиди во бањата Силоам и изми се!‘ Отидов, се измив и прогледав.« Му рекоа пак: »Каде е Он?« Тој рече: »Не знам.« Тогаш го одведоа кај фарисеите човекот, кој порано беше слеп. А беше сабота, кога направи Исус кал и му ги отвори очите. Го прашаа, пак, исто така и фарисеите: »Како прогледа?« Тој им одговори: »Ми кладе кал на очите и се измив, и гледам.« Тогаш некои од фарисеите рекоа: »Не е од Бога Овој Човек, штом не ја уважува саботата.« Други рекоа: »Како може грешен човек да прави такви чудеса?« И настана расправија помеѓу нив. Пак му рекоа на слепиот: »Ти што велиш за Него? Кој ти ги отвори очите?« А тој рече: »Пророк е.« Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал, додека не ги повикаа родителите на прогледаниот, и ги прашаа: »Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп?« Родителите негови одговорија и им рекоа: »Знаеме дека е овој наш син, и дека се роди слеп; но како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, нека ви каже сам за себе!« Ова го рекоа неговите родители, оти се боеја од Јудејците; зашто Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој, што ќе Го признае за Христа. Затоа и родителите негови рекоа: »Тој е возрасен, него прашајте го!« Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: »Прослави Го Бога; ние знаеме дека Оној Човек е грешен.« А тој одговори и рече: »Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.« Пак му рекоа: »Што ти направи? Како ти ги отвори очите?« Тој им одговори: »Јас ви реков веќе и не чувте, што сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?« А тие го укорија и му рекоа: »Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. Ние знаеме дека со Мојсеја говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.« Одговори човекот и им рече: »Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите. Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша. Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден. И ако Он не беше од Бога, не можеше да направи ништо.« Одговорија и му рекоа: »Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нѐ учиш?« И го испадија надвор. Исус чу дека го истерале, па како го најде, му рече: »Веруваш ли ти во Синот Божји?« Тој одговори и рече: »А кој е, Господи, па да поверувам во Него?« Исус му рече: »И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е.« А тој рече: »Верувам, Господи!« И Му се поклони. И рече Исус: »За суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат слепите, а оние што гледаат, да станат слепи.« Го чуја тоа некои од фарисеите, што беа со Него, и Му рекоа: »Зар сме и ние слепи?« Исус им рече: »Да бевте слепи грев немаше да имате; а сега велите оти гледате, затоа и гревот ви останува.« Вистина, вистина ви велам: кој не влегува низ вратата во овчото трло, а прескокнува од другата страна, крадец е и разбојник; а кој влегува низ вратата, пастир е на овците; нему вратарот му отвора и овците го слушаат гласот негов, и тој ги вика своите овци по име; и ги изведува. И кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, и овците одат по него, бидејќи му го познаваат гласот негов; а по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, оти гласот на туѓиот не го познаваат. Оваа парабола им ја кажа Исус, но тие не разбраа што сакаше да им каже со неа. Тогаш Исус пак им рече: »Вистина, вистина ви велам: Јас сум вратата на овците. Сите, колку што дојдоа пред Мене, крадци се и разбојници; но овците не ги послушаа. Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде. Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот вечен и да имаат изобилие. Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците; а наемникот, кој не е пастир, и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците. Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците. Јас сум добриот Пастир: и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене. Како Мене што Ме познава Отецот, така и Јас Го познавам Отецот; и душата Своја ја полагам за овците Свои. И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир. Затоа Ме љуби Отецот, зашто Јас душата Своја си ја полагам за да ја примам пак. Никој не Ми ја отима, туку Јас Сам од Себе ја давам. Имам власт да ја дадам и власт имам да ја примам. Оваа заповед ја примив од Својот Отец.« И пак настана расправија меѓу Јудејците заради овие зборови. Мнозина од нив велеа: »Бес има и не е при Себе. Зошто Го слушате?« Други велеа: »Ова не се зборови на луд човек; може ли луд човек на слеп да му отвори очи?« А беше тогаш во Ерусалим празникот Обновение и беше зима. И одеше Исус во храмот, по тремот Соломонов. А Јудејците Го опколија и Му рекоа: »До кога ќе ги мачиш нашите души? Ако си Ти Христос, кажи ни отворено!« Исус им одговори: »Ви реков, и не верувате. Делата што ги вршам Јас во името на Мојот Отец, тие сведочат за Мене. Но вие не верувате, оти не сте од Моите овци, како што ви реков. Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене, и Јас ќе им дадам живот вечен; и никогаш нема да загинат; и никој не ќе ги отме од раката Моја. Мојот Отец, што Ми ги даде, е поголем од сите; и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Отец. Јас и Отецот едно сме.« А Јудејците пак зедоа камења да Го убијат. Исус им одговори: »Многу добри дела ви јавив од Мојот Отец; за кое од тие дела фрлате камења на Мене?« Му одговорија Јудејците, велејќи: »За добро дело камења не фрламе на Тебе, туку за хулење, оти Ти, бидејќи човек, се правиш Бог.« Исус им одговори: »Не е ли напишано во вашиот Закон: ‚Јас реков: богови сте?‘ Ако Он ги нарече богови оние, кон кои беше упатено словото Божјо, и не можеше да се урне Писмото, а на Оној ли, Кого Го освети Отецот и Го прати во светот, вие велите: ‚Хулиш на Бога‘ дека реков: ‚Јас сум Син Божји?‘ Ако не ги вршам делата на Мојот Отец, не верувајте Ми; а ако, пак, ги вршам, макар што Мене не Ми верувате, на делата Мои поверувајте, за да разберете и поверувате дека Отецот е во Мене и Јас сум во Него.« Сакаа пак да Го фатат, но Он им се истргна од рацете нивни, и пак отиде отаде Јордан, на она место, каде што Јован крштаваше, и остана таму. Мнозина дојдоа при Него и говореа: »Јован не направи ниедно чудо, но сѐ што рече Јован за Него, беше вистина.« И мнозина таму поверуваа во Него. Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија, од местото на Марија и нејзината сестра Марта. А Марија, чиј брат Лазар се разболе, беше онаа, која Го помаза Господа со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса. Тогаш сестрите нарачаа по Него, велејќи: »Господи, ете, оној што го милуваш, болен е.« Штом чу Исус, рече: »Таа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.« А Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазара. А кога чу дека е болен, тогаш остана два дена во местото, каде што се наоѓаше. Потоа им рече на учениците: »Да отидеме пак во Јудеја!« Учениците Му рекоа: »Рави, сега сакаа да Те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?« Исус одговори: »Нели дванаесет часови има во денот? Кој оди дење, не се сопиња, зашто ја гледа светлината на овој свет; а кој оди ноќе, се сопиња, оти нема светлина во него.« Ова им го кажа, а потоа им рече: »Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам.« Тогаш учениците Негови рекоа: »Господи, ако заспал, ќе стане.« Исус го рече тоа за смртта негова, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон. Тогаш рече Исус отворено: »Лазар умре. Но се радувам заради вас, зашто не бев таму, та да поверувате – туку, да отидеме при него.« Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: »Да отидеме и ние да умреме со него.« Кога дојде Исус, најде, дека тој веќе четири дена е во гроб. А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии; и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за брата им. Кога чу Марта дека иде Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома. Тогаш Марта Му рече на Исуса: »Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде.« Исус ѝ рече: »Твојот брат ќе воскресне.« Марта Му рече: »Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден.« А Исус ѝ рече: »Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?« Таа Му одговори: »Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светов.« Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: »Учителот е овде и те вика.« Таа кога чу, стана бргу и отиде при Него; оти Исус уште не беше дошол во селото, а стоеше, каде што Го беше дочекала Марта. Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи оти ќе оди на гробот да плаче. А Марија, штом пристигна таму, каде што беше Исус и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: »Господи, да беше Ти овде, немаше да умре брат ми.« Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи и се возмути, па рече: »Каде сте го положиле?« Му рекоа: »Господи, дојди и види!« Исус просолзи. Тогаш Јудејците рекоа: »Гледај, колку го милувал.« Некои од нив, пак, велеа: »Не можеше ли Овој, што ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?« А Исус, пак, се нажали во Себе и дојде до гробот; тоа беше пештера и камен навален на неа. И рече Исус: »Кренете го каменот!« Марта, сестрата на умрениот, Му рече: »Господи, мириса веќе; оти четири дена има откако е умрен.« Исус ѝ рече: »Не ли ти реков, дека, ако поверуваш, ќе ја видиш славата Божја?« Тогаш го дигнаа каменот, каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите угоре и рече: »Оче, Ти благодарам, оти Ме послуша. А Јас знаев дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.« Кога го рече ова, извика со висок глас: »Лазаре, излези надвор!« И излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и нозете, а лицето забрадено со крпа. Им рече Исус: »Одвиткајте го и оставете го да оди!« Тогаш мнозина од Јудејците, што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него. А некои од нив отидоа при фарисеите и им рекоа што направи Исус. Тогаш првосвештениците и фарисеите се собраа на совет и рекоа: »Што да правиме? Овој Човек прави многу чудеса. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот.« А еден, пак, од нив, Кајафа, кој таа година беше првосвештеник, им рече: »Вие ништо не знаете, ниту помислувате, дека е поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне.« А ова не го рече тој сам од себе, туку, бидејќи првосвештеник таа година, прорече дека Исус ќе умре за народот; и не само за народот, туку и за да ги собере заедно растурените чеда Божји. Од тој ден, пак, се согласија да Го убијат. Заради тоа Исус веќе не одеше јавно меѓу Јудејците, а оттаму отиде во крај, близу една пустина, во градот наречен Ефрем, и таму се задржа со учениците Свои. А се наближуваше Пасха јудејска и мнозина од тој крај отидоа во Ерусалим пред Пасхата, за да се очистат. Тогаш Го бараа Исуса и, стоејќи во храмот, си разговараа меѓу себе: »Што мислите? Нема ли да дојде на празникот?« А првосвештениците и фарисеите беа веќе издале заповед, ако некој узнае каде е, да јави, за да Го фатат. На шест дни пред Пасха дојде Исус во Витанија, каде што беше умрениот Лазар, кого го воскресна од мртвите. Таму Му приготвија вечера и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата. А Марија, како зеде литар чисто скапоцено миро, ги помаза нозете Исусови, и ги избриша со косата своја нозете Негови; и куќата се исполни со мирис од мирото. Еден од учениците Негови, Јуда Симонов Искариот, кој што подоцна Го предаде, рече: Зошто не се продаде ова миро за триста динарии, и да се раздадеше на сиромаси? Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она, што пуштаа во него. А Исус рече: »Оставете ја! Таа го запазила тоа за денот на Моето погребение; оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.« Мнозина од Јудејците разбраа дека е Исус таму, па дојдоа не само заради Исуса, туку да го видат и Лазара, кого Он го воскресна од мртвите. А првосвештениците се договорија да го убијат и Лазара, зашто мнозина од Јудејците се одделуваа поради него и веруваа во Исуса. На другиот ден, мноштво народ, кој беше дошол на празникот, кога чуја деда Исус доаѓа во Ерусалим, зедоа палмови гранчиња и излегоа да Го пречекаат; и викаа, велејќи: »Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!« А Исус, кога најде едно осле, седна на него, како што е напишано: »Не бој се, ќерко Сионова! Еве, Царот твој иде, седејќи на осле.« Но ова учениците Негови не го разбраа. А кога се прослави Исус, тогаш се сетија дека тоа беше напишано за Него, и дека тоа Му го направија. Народот, што беше со Него кога го извика Он Лазара од гробот и го воскресна од мртвите, сведочеше. Затоа и Го пречека народот, оти беше чул дека тоа чудо Он го направи. А фарисеите се велеа помеѓу себе: »Гледате ли, дека ништо не помага? Ете, светот тргна по Него.« Меѓу дојдените за празникот, на поклонение, имаше и некои Елини. Тие пристапија кон Филипа, кој што беше од Витсаида Галилејска, и го молеа, велејќи: »Господине, сакаме да Го видиме Исуса.« Дојде Филип и му рече на Андреја; а Андреј и Филип Му кажаа на Исуса. Исус, пак, им одговори велејќи: »Дојде часот да се прослави Синот Човечки. Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод. Кој ја сака душата своја, ќе ја загуби; а кој ја мрази душата своја на овој свет, ќе ја запази за живот вечен. Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец. Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов на овој час. Оче, прослави го името Свое!« Тогаш дојде глас од небото: »И Го прославив, и пак ќе Го прославам.« А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: »Загрми«, други, пак, рекоа: »Ангел Му прозбори.« Исус одговори и рече: »Не заради Мене беше овој глас, но заради вас. Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде истеран надвор. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.« А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре. Народот Му одговори: »Сме слушале од Законот, дека Христос вечно ќе постои, а како Ти велиш оти Синот Човечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?« Тогаш Исус им рече: »Уште малку време Светлината е со вас; одете дури има светлина, за да не ве опфати мракот; а кој оди по мрак, не знае каде оди. Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината!« Штом го рече тоа, Исус се отстрани и се сокри од нив. Иако толку чудеса беше направил Он пред нив, тие пак не веруваа во Него, за да се исполни словото од пророкот Исаија, кој рече: »Господи, кој поверува во она, што чул од нас? И раката Господова кому се откри?« Тие затоа не можеа да поверуваат, оти Исаија уште вели: »Ги ослепи очите нивни, ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите и со срцето да не разбираат, и да не се обрнат, за да ги излекувам.« Ова го рекол Исаија, кога ја беше видел славата Негова и зборувал за Него. Но од началниците мнозина поверуваа; само заради фарисеите не признаваа, за да не бидат исфрлени од синагогата; зашто им беше помила човечката слава, отколку славата Божја. А Исус подигна глас и рече: »Кој верува во Мене, не во Мене верува, а во Оној, Кој што Ме пратил, и кој Ме гледа Мене, Го гледа Оној, што Ме пратил. Јас како светлина дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина. И ако некој ги чуе зборовите Мои, и не поверува, Јас нема да го судам, оти не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам. Кој што се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го суди: Словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден. Зашто Јас Сам од Себе не зборувам; но Отецот, Кој Ме прати, Он Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам. И знам дека заповедта Негова е живот вечен. А она што зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот.« А пред празникот Пасха, знаејќи Исус дека Му дојде часот Негов за да премине од овој свет кон Отецот, и бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака. И на вечерата, кога ѓаволот беше вдахнал во срцето на Јуда Симонов Искариот за да Го предаде, Исус, знаејќи дека Отецот сѐ Му предал во рацете и дека од Бога излегол и дека при Бога оди, стана од вечерата, ја соблече својата горна облека и кога зеде крпа, се препаша; потоа истури вода во сад за миење и почна да ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата, со која што беше препашан. Дојде и при Симона Петра, а тој Му рече: »Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?« Исус одговори и му рече: »Јас што правам сега, ти не знаеш, но подоцна ќе разбереш.« Петар Му рече: »Никогаш Ти нема да ми ги измиеш нозете мои!« Исус му одговори: »Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене.« Симон Петар Му рече: »Господи, тогаш не само нозете мои, туку и рацете и главата.« Исус му одговори: »На измиениот треба само нозете да му се измијат, оти е целиот чист; и вие сте чисти, но не сите.« Бидејќи Он знаеше кој ќе Го предаде, па затоа и рече: »Не сите сте чисти.« А кога им ги изми нозете, ја облече облеката и седна пак на трпезата, па им рече: »Знаете ли, што ви направив? Вие Ме наречувате Учител и Господ; и право велите, бидејќи Јас сум таков. Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да ги миете нозете. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас. Вистина, вистина ви велам: нема слуга поголем од својот господар, ниту пратеник поголем од оној што го пратил. Кога го знаете ова, блажени сте, ако го извршувате. Не за сите ви го кажувам ова, оти Јас ги знам оние што ги избрав. Но нека се исполни Писмото: ‚Кој јаде леб со Мене, ја подигна петата своја против Мене!‘ Отсега ви кажувам, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате дека сум Јас. Вистина, вистина ви велам: кој го прими оној, што го праќам Јас, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој што Ме пратил.« Штом го рече ова, Исус се возмути во душата, посведочи и рече: »Вистина, вистина ви зборувам дека еден од вас ќе Ме предаде.« Тогаш учениците почнаа да се погледнуваат еден со друг, не разбирајќи за кого зборува. А еден од учениците, кого го милуваше Исус, беше се навалил на градите Исусови. Нему му даде знак Симон Петар да праша, кој ли ќе е, за кого што говори. Тој, пак, како се навали на градите Исусови, Му рече: »Кој е Господи?« Одговори Исус: »Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и подадам.« И кога натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариот. И тогаш, по залакот, сатаната влезе во него. А Исус му рече: »Што ќе правиш, прави побргу!« А никој од оние, што седеа на трпезата, не разбраа, зошто му го рече тоа. Но, бидејќи Јуда го чуваше ковчежето, некои помислија дека Исус му рече: »Купи што ни треба за празникот!« или да раздаде нешто на сиромасите. А тој, штом го зеде залакот, веднаш излезе; беше ноќ. Кога тој излезе, Исус рече: »Сега се прослави Синот Човечки и Бог се прослави во Него. Ако Бог се прослави во Него, и Бог ќе Го прослави во Себе, и веднаш ќе Го прослави. Чеда, уште малку сум со вас. Ќе Ме барате и, како што им реков на Јудејците, дека каде што одам Јас, вие не можете да дојдете, и вам ви велам сега. Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе.« Симон Петар Му рече: »Господи, каде одиш?« Исус му одговори: »Каде што Јас одам, ти не можеш сега да дојдеш по Мене, но подоцна ќе врвиш по Мене.« Петар Му рече: »Господи, зошто не можам да одам по Тебе сега? Душата своја ќе ја положам за Тебе.« Исус му одговори: »Душата ли ќе ја положиш за Мене? Вистина, вистина ти велам: нема петел да запее, додека ти трипати не се одречеш од Мене.« Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте. Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, Јас ќе ви кажев. Одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас. А каде одам Јас знаете, и патот го знаете. Тома Му рече: »Господи, не знаеме каде одиш; и како можеме патот да го знаеме?« Исус му рече: »Јас сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене. Ако Ме бевте познавале, ќе Го познававте и Мојот Отец. А отсега Го познавате, и сте Го виделе.« Филип Му рече: »Господи, покажи ни Го Отецот, и доста ни е!« Му одговори Исус: »Толку време сум со вас, и не си ли Ме познал, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, и како ти велиш: ‚Покажи ни Го Отецот?‘ Не верувате ли дека Јас сум во Отецот, и дека Отецот е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, од Себе не ги зборувам; а Отецот, Кој е секогаш во Мене, Он ги врши делата. Верувајте Ми дека Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене. Ако ли, пак, не – тогаш верувајте во Мене заради делата. Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши; оти Јас си одам при Својот Отец; и што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам, за да се прослави Отецот во Синот. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам. Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди. Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека, Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, оти не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде. Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам при вас. Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете. Во оној ден вие ќе разберете, дека Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас. Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам.« Му рече Јуда, не Искариот: »Господи, што е тоа дека сакаш нам да ни се јавиш, а не на светот?« Исус одговори и му рече: »Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме. Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое; а словото, што го слушате, не е Мое, туку на Мојот Отец, Кој Ме прати. Ова ви го реков, бидејќи сум со вас. А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал. Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои. Чувте дека Јас ви реков: ‚Одам од вас и пак ќе дојдам при вас.‘ Но ако Ме љубевте Мене, ќе се зарадувавте што реков: одам при Мојот Отец; зашто Мојот Отец е поголем од Мене. И сега ви кажав, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате. Нема веќе многу да зборувам со вас, оти иде кнезот од овој свет, и во Мене тој нема ништо. Но за да разбере светот дека Го љубам Отецот и, како што Ми заповеда Отецот, така и правам. Станете да си одиме одовде!« Јас сум вистинска лоза. Мојот Отец е лозарот. Секоја прачка во Мене, која што не дава плод, Он ќе ја исече; и секоја, која што дава плод, ќе ја очисти, за да принесе повеќе плод. Вие сте веќе чисти преку словото, што сум ви го проповедал. Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене. Јас сум лозата, а вие прачките; и кој што е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; оти без Мене не можете да направите ништо. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачката, и ќе се осуши; а такви ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат, и ќе изгорат. Ако останете во Мене, и зборовите Мои во вас, тогаш, што и да посакате, барајте, и ќе биде. Со тоа ќе се прослави Мојот Отец, ако вие принесувате многу плод и ако бидете Мои ученици. Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас. Бидете во Мојата љубов! Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете љубов Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова. Ова ви го реков, за да остане радоста Моја во вас, и радоста ваша да биде полна. Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели. Вие сте Ми пријатели, ако го вршите она, што ви заповедам Јас. Не ве наречувам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, оти ви кажав сѐ што сум чул од Мојот Отец. Вие не Ме избравте Мене, но Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и плодот ваш да остане, та, што и да посакате од Отецот во Мое име, да ви даде. Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг. Ако светот ве мрази, знајте дека Мене светот уште пред вас Ме замрази. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази. Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат. Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, оти не Го знаат Оној, Кој што Ме пратил. Да не бев дошол и да не бев им зборувал, грев немаше да имаат. Но сега тие немаат изговор за својот грев. Кој Ме мрази Мене, Го мрази и Мојот Отец. Ако не бев направил меѓу нив дела, какви што никој друг не направил, грев немаше да имаат; а сега и видоа, и Ме замразија Мене, и Мојот Отец. Но нека се изврши словото, напишано во нивниот Закон, дека Ме замразија без вина. А кога ќе дојде Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината, Кој излегува од Отецот, Он ќе сведочи за Мене; а и вие ќе сведочите, бидејќи од почетокот сте со Мене. »Ова ви го кажав, за да не се соблазните. Ќе ве истеруваат од синагогите. Но ќе настапи и време, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба. И тоа ќе го прават, оти не Го познаа Отецот, ниту Мене. Но ви го кажав тоа, та кога ќе дојде времето, да се сетите дека Јас сум ви рекол; а од почетокот не ви го зборував ова, зашто бев со вас. А сега одам кај Оној, Кој што Ме прати, и никој од вас не Ме праша: ‚Каде одиш?‘ Но затоа што ви го кажав ова, срцата ваши се исполнија со тага. Но Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам. А Он, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд: за грев – дека не веруваат во Мене; за правда – оти Јас си одам при Својот Отец, и веќе нема да Ме видите; а за суд – зашто кнезот на овој свет е осуден. Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите. А кога ќе дојде Он, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина; но од Себе нема да зборува, а ќе говори што чуе, и ќе ви ја каже иднината; Он Мене ќе Ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви јави. Сѐ што има Отецот, Мое е; затоа и ви реков дека од Моето ќе земе и ќе ви јави. Уште малку, и нема да Ме гледате, и, по малку, пак ќе Ме видите, зашто си одам при Отецот.« А некои од учениците Негови си рекоа помеѓу себе: »Што е тоа, што ни вели: ‚Уште малку, и нема да Ме видите‘ и дека ‚Јас си одам при Отецот‘?« И си зборуваа: »Што е тоа, што вели: ‚Уште малку‘?« Разбра Исус дека сакаат да Го прашаат, и им рече: »Затоа ли се прашувате помеѓу себе, што реков: ‚Уште малку, и нема да Ме гледате‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите‘? Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се зарадува; и вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост. Жена, кога раѓа, има болки, оти ѝ дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето, од радост не ги помни веќе болките, зашто се родил човек на светот. Па така и вие, сега сте нажалени; но Јас пак ќе ве видам, и ќе се зарадува срцето ваше, и радоста ваша никој нема да ви ја одземе; и во тој ден нема да Ме прашате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде. Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде радоста ваша полна. Ова во параболи ви го кажував; но ќе дојде час, кога нема веќе во параболи да зборувам, туку откриено ќе ве известам за Отецот. Во тој ден ќе побарате во Мое Име, и не ви велам, дека Отецот ќе Го помолам за вас; оти Отецот Сам ве милува, зашто вие Ме засакавте и поверувавте дека Јас сум излегол од Бога. Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и одам при Отецот.« Му рекоа учениците Негови: »Еве, сега откриено зборуваш и никаква парабола не кажуваш. Сега знаеме дека знаеш сѐ, и нема потреба никој да Те прашува. Заради тоа веруваме дека од Бога си излегол.« Им одговори Исус: »Сега ли верувате? Ете, иде часот, и настапува веќе, за да се разбегате секој при своите, а Мене Сам да Ме оставите; но Јас не сум Сам, бидејќи Отецот е со Мене. Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.« Ова го кажа Исус, па ги подигна очите Свои кон небото и рече: »Оче, дојде часот: прослави Го Својот Син, за да Те прослави и Синот Твој, како што си Му дал власт над секое тело, та преку сѐ што си Му дал, да им даде живот вечен. А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа. Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си Ми го дал да го извршам. И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе, уште светот пред да настане. Го јавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово. Сега разбраа дека сѐ, што си Ми дал, е од Тебе; зашто зборовите, што си Ми ги дал, им ги предадов, и тие ги примија и разбраа навистина, оти од Тебе сум излегол, и поверуваа дека Ти си Ме пратил. Јас за нив се молам; не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои. И сѐ Мое е Твое, и Твоето – Мое, и се прославив во нив. Веќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас идам при Тебе. Оче Свети, запази ги во Твоето име оние, што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние. Додека бев со нив во светот, Јас ги пазев во Твоето име; оние, што си Ми ги дал, ги зачував, и никој од нив не погина, освен погибелниот син, за да се исполни Писмото. А сега идам при Тебе, и ова му го кажувам на светот, за да ја имаат во себе Мојата радост полна. Јас им го предадов Твоето слово, и светот ги замрази, зашто тие не се од светот, како и Јас што не сум од него. Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото. Тие не се од светот, како и Јас што не сум од него. Освети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина. Како Ти Мене што Ме прати во светот, и Јас ги пратив во светот. И за нив Јас се посветувам, та и тие да бидат осветени преку вистината. Но не се молам само за нив, туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил. И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат едно, како што сме Ние. Јас сум во нив и тие се во Мене, за да бидат во сѐ едно, и да узнае светот дека Ти си Ме пратил, и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби. Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, оти Ме возљуби уште пред да се создаде светот. Оче Праведни, светот не Те позна, Јас Те познав; и овие познаа дека Ти си Ме пратил; и им го објавив името Твое, и ќе го известувам, та љубовта, со која Ме возљуби Ти, да биде во нив, и Јас во нив.« И штом го рече ова, Исус отиде со учениците Свои преку потокот Кедрон, каде што имаше градина, и во неа влезе Он и учениците Негови. А тоа место го знаеше и Јуда, кој сакаше да Го предаде, зашто Исус често се собираше со учениците Свои таму. Тогаш Јуда, откако зеде една чета војници и слуги од првосвештениците и фарисеите, дојде таму со фенери, со светила и со оружје. А Исус, знаејќи сѐ што ќе стане со Него, излезе и им рече: »Кого го барате?« Му одговорија: »Исуса од Назарет.« Исус им рече: »Јас сум.« Со нив стоеше и Јуда, што Го предаваше. А кога им рече: »Јас сум« – тие се повлекоа назад и паднаа на земјата. Тогаш пак ги праша: »Кого го барате?« А тие рекоа: »Исуса од Назарет.« Исус одговори: »Ви реков дека сум Јас; па, ако Ме барате Мене, оставете ги овие да си одат;« за да се изврши словото кажано од Него: »Од оние, што си Ми ги дал, никого не погубив.« А Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. Името на слугата му беше Малх. Но Исус му рече на Петра: »Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Отецот?« Тогаш четата и војводата, и слугите јудејски, Го фатија Исуса и Го врзаа, И Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник. А Кајафа беше оној, што ги посоветува Јудејците, дека подобро е да умре еден човек за народот. По Исуса одеше Симон Петар и еден друг ученик; а тој ученик му беше познат на првосвештеникот, и влезе со Исуса во дворот на првосвештеникот. А Петар стоеше надвор, покрај портата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, излезе, ѝ рече на вратарката и го воведе Петра. Тогаш слугинката вратарка му рече на Петра: »Да не си и ти од учениците на Овој Човек?« Тој рече: »Не сум.« А слугите и робовите беа запалиле оган и стоеја, па се грееја, оти беше студено. Со нив стоеше и Петар, и се грееше. Првосвештеникот, пак, Го праша Исуса за учениците Негови и за Неговото учење. Исус му одговори: »Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував по зборниците и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал. Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние, кои слушале, што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.« Кога Он го рече тоа, еден од слугите, кој стоеше близу, Го удри Исуса по образ и рече: »Така ли му одговараш на првосвештеникот?« Исус му одговори: »Ако реков лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме биеш?« Тогаш Ана Го прати врзан при првосвештеникот Кајафа. А Симон Петар стоеше и се грееше. И му рекоа: »Да не си и ти од учениците Негови?« Тој откажа и рече: »Не сум.« Еден од слугите на првосвештеникот, што му беше роднина на оној, кому Петар му го беше отсекол увото, рече: »Не те ли видов и тебе во градината со Него?« А Петар пак одрече; и веднаш петел запеа. И Го поведоа Исуса од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, како би можеле да ја јадат пасхата. Тогаш излезе Пилат пред нив и рече: »Во што Го обвинувате Овој Човек?« Одговорија и му рекоа: »Ако Он не беше злочинец, немаше да ти го предадеме.« А Пилат им рече: »Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!« Јудејците му рекоа: »Нам не ни е позволено да убиваме никого« – за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре. Тогаш влезе Пилат во судницата, па Го повика Исуса и Му рече: »Ти ли си Царот Јудејски?« Исус му одговори: »Сам ли го зборуваш тоа или други ти кажаа за Мене?« Пилат одговори: »Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?« Исус одговори: »Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде.« А Пилат Му рече: »Ти, пак, Цар ли си?« Исус одговори: »Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.« Пилат го праша: »Што е тоа вистина?« И ова како го рече, излезе пак при Јудејците и им рече: »Јас не наоѓам никаква вина во Него. Но при вас е обичај да ви пуштам по еден за Пасха. Сакате ли да ви Го пуштам Царот Јудејски?« И пак повикаа сите, велејќи: »Не Овој, а Варава.« Варава, пак, беше разбојник. Тогаш Пилат Го фати Исуса и Го бичува. И војниците, кога сплетоа венец од трње, Му го кладоа на главата и Му облекоа багреница, и велеа: »Радуј се, Царе Јудејски!« – и Го удираа по образите. Пилат пак излезе надвор, со трнов венец и багреница. И им рече: »Еве, ви Го изведувам надвор, за да разберете дека не наоѓам во Него никаква вина.« Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец и багреница. И им рече Пилат: »Еве Го Човекот!« А кога Го видоа првосвештениците и слугите, завикаа и рекоа: »Распни Го, распни!« Пилат им рече: »Земете го вие и распнете Го, оти јас не наоѓам во Него вина.« Јудејците му одговорија: »Ние имаме Закон и според нашиот Закон Он треба да умре, зашто Сам се направи Син Божји.« Кога го чу Пилат овој збор, повеќе се уплаши. И пак влезе во преторијата и Му рече на Исуса: »Од каде си Ти?« Но Исус не му даде одговор. Пилат му рече: »Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуштам.« Исус одговори: »Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној, што Ме предаде на тебе.« Оттогаш Пилат гледаше да Го пушти. Но Јудејците пак викаа, зборувајќи: »Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на ќесарот. Секој што се прави цар, противник му е на ќесарот.« Штом го чу тој збор, Пилат Го изведе Исуса надвор и седна на судискиот стол, на местото, што се вика Литостротон, а по еврејски Гавата. Тогаш беше петок пред Пасха, околу шестиот час. И им рече Пилат на Јудејците: »Еве Го вашиот Цар!« Но тие викаа: »Земи, земи, распни Го!« Пилат им рече: »Царот ваш ли да Го распнам?« Првосвештениците одговорија: »Ние немаме цар, освен ќесарот.« И тогаш им Го предаде, за да биде распнат. И Го зедоа Исуса, и Го поведоа. И носејќи го Својот крст, Он излезе на местото, што се вика Лобно, а по еврејски Голгота; таму Го распнаа, а со Него други двајца, од едната и од другата страна, а на среде Исуса. Пилат, пак, напиша и натпис, и го кладе на крстот. А беше напишано: »Исус Назареецот, Цар Јудејски.« Овој натпис го читаа мнозина од Јудејците, бидејќи местото, каде што беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, грчки и латински. Првосвештениците, пак, јудејски му рекоа на Пилата: »Не пишувај: Цар Јудејски, но дека Он Сам рече: ‚Цар Јудејски сум.‘« Пилат одговори: »Што напишав, напишав.« А војниците, кога Го распнаа Исуса, ги зедоа алиштата Негови и ги разделија на четири дела, по еден дел на секого и хитонот. Хитонот, пак, не беше шиен, туку исткаен одозгора па додолу. Тогаш си рекоа: »Да не го расипуваме, но да фрлиме за него ждреб, чиј ќе биде« – за да се збидне кажаното во Писмото: »Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждреб.« Така и направија војниците. При крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалина. А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот, кого го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: »Жено, ете ти син!« Потоа му рече на ученикот: »Ете ти мајка!« И од тој час ученикот ја зеде при себе. По ова, знаејќи Исус дека е сѐ свршено, за да се исполни Писмото, рече: »Жеден сум.« Таму стоеше сад, полн со оцет. Тие наквасија сунѓер во оцетот, го закачија на трска и Му принесоа до устата Негова. А кога вкуси Исус оцет, рече: »Се сврши!« И кога ја наведна главата, го предаде духот. Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота, оти во таа сабота беше голем ден, го замолија Пилата да им ги прекршат колената и да ги симнат. Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него. А кога дојдоа до Исуса и Го видоа дека беше веќе умрен, не Му ги прекршија колената; но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода. И кој виде – посведочи, и сведоштвото му е вистинско; и знае дека кажува вистина, за да поверувате вие. Оти ова стана, за да се исполни Писмото: »Коска Негова нема да се прекрши.« И друго Писмо пак вели: »Ќе погледнат на Оној, Кого Го прободоа.« Потоа Јосиф од Ариматеја, таен Исусов ученик, поради страв од Јудејците, го замоли Пилата да го симне телото Исусово и Пилат му дозволи. Тој дојде и го симна телото Исусово. А дојде и Никодим, кој порано беше отишол ноќе при Исуса, и донесе околу сто литри смес од смирна и алој. Го зедоа телото Исусово и го завиткаа во платно со мирисите, како што е обичај кај Јудејците да погребуваат. На она место, каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во кој уште никој не беше полаган. Таму Го положија Исуса, поради петокот јудејски, зашто гробот беше близу. Во првиот ден од седмицата Марија Магдалина дојде на гробот рано, уште дури беше темно, и виде дека каменот од гробот е поместен. Тогаш отрча и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: »Го дигнале Господа од гробот и не знам каде Го положиле.« Тогаш излезе Петар и другиот ученик, и појдоа кон гробот. И обајцата трчаа заедно; но другиот ученик отрча побргу од Петра и прв дојде до гробот. И кога се наведна, виде дека лежи само повојот; но не влезе. По него дојде Симон Петар, влезе во гробот и виде дека само повојот стои; а крпата, што Му беше на главата Негова, не стоеше при повојот, туку одделно, свиткана на едно место. Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, и виде, и поверува, оти уште не го знаеја Писмото, дека Он треба да воскресне од мртвите. Тогаш учениците се вратија дома. А Марија стоеше кај гробот однадвор и плачеше. И, плачејќи, се наведна над гробот; и виде два ангела во бели облеки како седат, едниот кај главата, а другиот кај нозете, каде што беше лежело телото Исусово. И тие ѝ рекоа: »Жено, зошто плачеш?« Им одговори: »Го кренале Господа мој и не знам каде Го положиле.« Штом го рече ова, се заврти назад и Го виде Исуса како стои; но не знаеше оти е Исус. Исус ѝ рече: »Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?« Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: »Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам.« Исус ѝ рече: »Марија!« Таа се заврти и Му рече: »Равуни« – што значи »Учителе!« Ѝ рече Исус: »Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при Мојот Отец; туку отиди при браќата Мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и вашиот Отец, при Својот Бог и при вашиот Бог.« Дојде Марија Магдалина и им кажа на учениците, дека Го видела Господа и дека тоа ѝ рекол. А вечерта во истиот ден, првиот ден од седмицата, кога вратата, каде што беа учениците Негови собрани, беше затворена поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: »Мир вам!« И ова како го рече, им ги покажа рацете и нозете и ребрата Свои. Се зарадуваа тогаш учениците, штом Го видоа Господа. А Исус пак им рече: »Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам.« И кога им го кажа ова, дувна и им рече: »Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат.« А Тома, еден од дванаесетте, наречен Близнак, не беше со нив, кога дојде Исус. Другите ученици му рекоа: »Го видовме Господа.« А тој им рече: »Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам.« А по осум дена учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана помеѓу нив и рече: »Мир вам!« Потоа му рече на Тома: »Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, но верлив!« Одговори Тома и му рече: »Господ мој и Бог мој!« Исус му рече: »Тома, ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале!« И многу други чудеса изврши Исус пред учениците Свои, што не се запишани во оваа книга. А овие се запишани, за да поверувате дека Исус е Христос, Син Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име. Потоа пак им се јави Исус на учениците Свои кај Тиверијадското Море. А тоа се случи вака: Беа заедно Симон Петар и Тома, кого го викаа Близнак, и Натанаил од Кана Галилејска, и Заведеевите синови, и двајца други од учениците Негови. Симон Петар им рече: »Ќе одам да ловам риба.« Му рекоа: »И ние ќе дојдеме со тебе.« Тогаш излегоа и веднаш влегоа во кораб, но таа ноќ ништо не уловија. А кога се раздени, застана Исус на брегот, само учениците не Го познаа дека е Исус. Исус им рече: »Деца, имате ли нешто за јадење?« Му одговорија: »Не.« А Он им рече: »Фрлете ја мрежата од десната страна на коработ и ќе најдете!« Ја фрлија, и не можеа веќе да ја извлечат од многу риби. Тогаш ученикот, што го сакаше Исус, му рече на Петра: »Господ е.« А Симон Петар, штом чу дека е Господ, си ја препаша облеката – оти беше необлечен, и се фрли во морето. А другите ученици, влечејќи ја мрежата со риби, дојдоа со кораб, оти не беа далеку од брегот, но само околу двесте лакти. Кога пак излегоа на земјата, видоа накладен оган, и на него ставена риба и леб. Исус им рече: »Донесете од рибите што ги уловивте сега!« А Симон Петар влезе и ја извлече мрежата на земја, полна со крупни риби, на број сто педесет и три; и макар што беа толку многу, мрежата не се скина. Исус им рече: »Дојдете, јадете!« И никој не смееше да Го праша: »Кој си Ти?«, оти гледаа дека е Господ. Се приближи Исус, зеде леб и им даде, исто така и риба. Ова беше веќе третпат како им се јави Исус на учениците Свои, откако воскресна од мртвите. А кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симона Петра: »Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?« Петар Му рече: »Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.« Исус му рече: »Паси ги јаганцата Мои!« Го праша пак, повторно: »Симоне Јонин, љубиш ли Ме?« Петар Му кажа: »Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.« Исус му рече: »Паси ги овците Мои!« И по третпат му рече: »Симоне Јонин, Ме сакаш ли?« Петар се нажали дека по третпат го праша: »Ме сакаш ли?« И Му рече: »Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те сакам.« Исус му рече: »Паси ги овците Мои! Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, сам се опашуваше и одеше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те опаше и поведе на каде што нејќеш.« А ова го рече, за да покаже со каква смрт ќе Го прослави Петар Бога. И штом го кажа тоа, му рече: »Оди по Мене!« А Петар, кога се заврти, виде дека по него оди оној, кого го милуваше Исус, и кој на вечерата се беше навалил на градите Негови и рекол: »Господи, кој ќе Те предаде?« Штом го виде Петар него, Му рече на Исуса: »Господи, а овој, пак, зошто?« Исус му рече: »Ако сакам тој да остане, дури дојдам, тебе што ти е? Ти врви по Мене!« И се пренесе овој збор меѓу браќата, дека тој ученик нема да умре. Но Исус не му рече дека нема да умре, туку: »Ако сакам тој да остане, додека дојдам, тебе што ти е?« Тој е ученикот, кој сведочи за овие настани и ги напиша; и знаеме дека сведоштвото негово е вистинско. А има многу други работи што ги изврши Исус, и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини, не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги. Амин! Првата книга, о Теофиле, ја напишав за сѐ она што Исус почна и да врши и да учи, до денот, кога се вознесе, откако преку Светиот Дух им даде заповеди на апостолите, што беше ги избрал, а на кои им се претстави жив по Своето страдање со многу верни докази, јавувајќи им се преку четириесетте дни и зборувајќи им за царството Божјо. И собирајќи ги, Он им заповеда: »Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене! Зашто Јован крштаваше со вода, а вие, не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух.« А тие, кога се собраа, Го прашаа велејќи: »Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево?« И Он им одговори: »Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт; но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата.« И штом го рече тоа, додека тие Го гледаа, Он се подигна, и облак Го подзеде од пред очите нивни. И додека гледаа кон небото, кога се вознесуваше Он, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека, и рекоа: »Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото.« Тогаш тие се вратија во Ерусалим од планината, наречена Елеон, која се наоѓа близу до Ерусалим, колку еден саботен ден одење. И кога дојдоа, се искачија во горната одаја, каде што живееја Петар и Јаков, Јован и Андреј, Филип и Тома, Вартоломеј и Матеј, Јаков Алфеев и Симон Зилот и Јуда Јаковов. Тие сите еднодушно беа постојано во молитва и молење со некои жени и со Марија, мајката на Исуса, и со браќата Негови. А во тие дни Петар стана меѓу учениците и рече: – а беа се собрале околу сто и дваесет души – »Мажи, браќа! Требаше да се исполни напишаното, како што беше претскажал Светиот Дух преку устата Давидова за Јуда, водачот на оние што Го фатија Исуса, зашто тој беше вброен кон нас и беше примил дел од оваа служба; но со неправедна награда тој придоби нива и, откако падна ничкум, прсна во средината, и се истури целата негова утроба. И тоа им стана познато на сите жители во Ерусалим дека таа нива се нарече на нивниот јазик Акелдама, што значи нива крвна. Оти во книгата на Псалмите е напишано: ‚Домот негов да запусти, и никој во него да не живее, како и, епископството негово да го прими друг.‘ И така, потребно е пак еден од оние луѓе, што беа со нас за сето време, додека пребиваше и општеше со нас Господ Исус, почнувајќи од крштавањето Јованово па до денот, кога се вознесе од нас, да биде сведок со нас за Неговото воскресение.« И поставија двајца: Јосифа, наречен Варсава, а по прекар Јуст, и Матиј; потоа се помолија и рекоа: »Ти, Господи, Кој ги познаваш срцата на сите, покажи од овие двајца еден, кого си го избрал, за да прими дел од оваа служба и од апостолството, од кое отпадна Јуда, за да си отиде на своето место!« И фрлија ждреб за нив, и ждребот падна на Матиј; и тој се вброи кон единаесетте апостоли. Кога се навршија дните на Педесетницата, сите апостоли беа заедно и еднодушни. И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат. А во Ерусалим имаше Јудејци, луѓе побожни, од секаков јазик под небото. Кога се чу тој шум, се собра многу народ и сѐ се збрка, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот јазик. И сите се чудеа и маеја, велејќи си помеѓу себе: »Овие што зборуваат, зар не се Галилејци? Па како тоа сите да си го слушаме својот роден јазик? Ние – Партјаните и Мидјаните, Еламитите и жителите на Месопотамија, Јудеја и Кападокија, од Понт и од Азија, од Фригија и Памфилија, од Египет и од краиштата на Ливија, соседите на Киринија, па и дојдените Римјани. Како ние Јудејците, така исто и новообратените, Критјаните и Арабјаните, еве слушаме како тие зборуваат за големите дела Божји на нашите јазици?« Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: »Што ли ќе биде ова?« А други, потсмевајќи се, велеа: »Се напиле од слаткото вино.« Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: »Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимавајте на моите зборови: овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот: но тоа е претскажано преку пророкот Јоил: ‚И ете во последните дни‘, рече Бог, ‚ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа; и во тие дни врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата, крв, и оган, и чад. Сонцето ќе премине во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов. И тогаш, секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси.‘ Луѓе Израилци, ислушајте ги овие зборови: Исуса Назареецот, Човекот посведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, што ги направи Бог преку Него, како што и самите знаете, Него, според определениот совет, и предвидувањето Божјо предаден, вие Го фативте и, откако Го приковавте со рацете на беззакониците, Го убивте. Но Бог Го воскресна, откако Го ослободи од врските на смртта, бидејќи таа немаше сила да Го задржи. Оти Давид за Него вели: ‚Секогаш Го гледав пред себеси Господа зашто Он е од мојата десна страна, за да не се поместам. Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж, – зашто Ти нема да ја оставиш душата моја во ад, ниту, пак, ќе позволиш Твојот праведник да види распаѓање. Ти си ми Ги покажал патиштата на животот: Ти ќе ме исполниш со радост преку лицето Свое.‘ Мажи, браќа, нека ми е позволено да ви зборувам слободно за прататкото Давида, дека тој умре и погребан беше, а гробот негов е меѓу нас дури до денешниов ден. Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог со клетва му беше ветил од плодот на неговите бедра да Го воздигне по плот Христа и да Го постави на престолот Свој, предвиде и кажа за воскресението на Христа, дека душата Негова нема да се остави во пеколот и дека телото Негово нема да види распаѓање. Овој Исус Го воскресна Бог, за кое сме ние сите сведоци. И така, Он, откако беше вознесен со десницата Божја и Го прими Светиот Дух, ветен од Отецот, го излеа ова, што го гледате сега вие и го слушате. Оти Давид не отиде на небесата, но сам кажа: ‚Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘ И така, насигурно нека знае сиот Израилев дом, дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос.« Кога го чуја тоа, во срцата им стана мило, и му рекоа на Петра и на другите апостоли: »Луѓе, браќа, што да правиме?« А Петар им рече: »Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исуса Христа за простување на гревовите; и ќе примите дар од Светиот Дух. Зашто за вас е ветувањето, за вашите деца и за сите што се далеку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.« И со многу други зборови сведочеше и ги молеше, велејќи: »Спасувајте се од овој пакостен род!« И така оние, што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се присоединија во тој ден околу три илјади души. И беа постојани во учењето апостолско, во општувањето, во кршењето леб и во молитвите. И страв ја обзеде секоја душа, зашто многу чудеса и знаци се вршеа преку апостолите. А сите, што веруваа, беа заедно и сѐ им беше општо; продаваа имоти и сопствености и на секого му раздаваа според неговата потреба. И секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, кршејќи леб по куќите, се хранеа со радост и чисто срце. Фалејќи Го Бога беа омилени кај сите луѓе. А Господ секој ден ја умножуваше Црквата со оние што сакаа да се спасат. Петар и Јован заедно влегуваа во храмот во деветтиот молитвен час. Имаше еден човек, фатен уште во мајчина утроба, кого го носеа и поставуваа секој ден пред вратата на храмот, наречена Красна, за да проси милостина од оние што влегуваа во храмот. Штом ги виде тој Петра и Јована, кога сакаа да влезат во храмот, и од нив запроси милостина. А Петар се вгледа во него заедно со Јована и му рече: »Погледај нѐ!« И тој ги гледаше настојчиво, надевајќи се од нив нешто да добие. Но Петар рече: »Сребро и злато јас немам, а – што имам, тоа ти давам – во името на Исуса Христа Назареецот стани и оди!« И како го фати за десната рака, го исправи и веднаш му се зацврснаа стапалата и глуждовите; и штом скокна, застана и прооди, и влезе во храмот заедно со нив, скокајќи и фалејќи Го Бога. И сиот народ го виде како оди и како Го фали Господа. А го познаа дека тој беше оној што седеше пред Красна, вратата на храмот, поради милостина; и се восхитија и се зачудија за она што му стана. И бидејќи исцелениот хром не се одделуваше од Петра и Јована, затоа кон нив пријде сиот зачуден народ во тремот, наречен Соломонов. А Петар, штом го виде тоа, му рече на народот: »Луѓе Израилци, што се чудите на ова, и што сте се загледале во нас, како со своја сила или побожност да направивме овој да оди? Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на татковците наши Го прослави Својот Син Исуса, Кого вие Го предадовте и од Кого се одрековте пред лицето на Пилата, кога тој реши да Го пушти. Но вие се одрековте од Светиот и Праведниот и измоливте да ви се подари човек убиец, а Началникот на животот Го убивте, Кого Бог Го воскресна од мртвите, за што сме ние сведоци. И поради верата во Неговото име, овој, кого вие го гледате и познавате, го потврди името Негово; а верата во Него го исцели и него пред сите вас. А сега, браќа, знам дека вие тоа го направивте од незнаење како и кнезовите ваши. Но Бог, бидејќи предвести преку устата на сите пророци Свои, дека Христос ќе пострада, така и направи. Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши, за да дојдат времиња за освежување од лицето Господово, и Он да ви Го прати вам претскажаниот Исус Христос, Кого небото треба да Го прими до она време, кога ќе се изврши сѐ, што беше рекол Бог преку устата на сите Свои пророци од создавањето на светот. Мојсеј им беше рекол на татковците: ‚Господ Бог ваш од браќата ваши ќе ви издигне Пророк како Јас; Него послушајте Го во сѐ, што ќе ви рече!‘ И секоја душа, што не ќе Го послуша тој Пророк, ќе биде истребена од народот. А и сите пророци од Самуила, па и по нив, што пророкуваа, исто така и за овие денови предвестуваа. Вие сте синови на пророците и на заветот, што Бог им го беше ветил на вашите татковци, велејќи му на Авраама: ‚И во потомството твое ќе бидат благословени сите народи на земјата.‘ Бог, откако Го воздигна Својот Син Исуса, најнапред вам ви Го прати, за да ве благослови, та секој од вас да се одврати од своите злобни работи.« А кога тие му зборуваа на народот, пристапија кон нив свештениците, старешината на храмот и садукеите, јадосувајќи се оти тие го поучуваат народот и проповедаат воскресение на мртвите во името на Исуса Христа; и кладоа рака на нив и ги задржаа под стража до утрината; зашто се беше веќе свечерило. А мнозина од оние, што го слушаа словото, им поверуваа; бројот на луѓето достигна до пет илјади. Утрината се собраа во Ерусалим нивните началници, старешините и книжниците, првосвештеникот Ана и Кајафа, Јован и Александар, и сите што му припаѓаа на родот свештенички; и, откако ги поставија во средината, ги прашаа: »Со каква сила и во чие име го направивте ова?« Тогаш Петар, откако се исполни со Дух Свети, им рече: »Началници народни и старешини израилски, ако денес нѐ испитувате за доброто дело, што му го направивме на болниот човек, за да кажеме како е тој исцелен, тоа нека ви биде познато на сите вас и на сиот народ израилски, дека во името на Исуса Христа Назареецот, Кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, овој стои пред вас здрав. Овој камен, што вие како ѕидари го отфрливте, стана глава на аголот; и во никој друг нема спасение; зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме.« А кога ја видоа смелоста на Петра и Јована, и сфаќајќи дека се тоа луѓе неучени и прости, тие само се восхитуваа; а знаеја, пак, дека и тие беа со Исуса. Но, гледајќи го исцелениот човек како стои со нив, тие немаа што да возразат. И, откако им заповедаа да излезат надвор од Синедрионот, се посоветуваа, па се прашаа еден со друг, велејќи: »Што да правиме со овие луѓе? Оти големото чудо што стана преку нив познато им е на сите што живеат во Ерусалим, и ние не можеме тоа да го одречеме. Но, за да не се разгласува ова по народот уште повеќе, строго да ги заплашиме да не му зборуваат веќе за тоа име на ниеден човек.« И, кога ги повикаа, им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту пак да го учат народот во името на Исуса. Но Петар и Јован им одговорија и рекоа: »Судете дали е справедливо пред Бога – вас да ве слушаме повеќе отколку Бога; зашто ние не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле.« А тие, откако ги заплашија, ги пуштија, бидејќи не најдоа ништо за да ги мачат, поради народот; оти сите Го прославуваа Бога за она што беше станало. Човекот, пак, над кого се изврши тоа чудо и исцеление, имаше повеќе од четириесет години. И кога ги пуштија, тие отидоа при своите и им кажаа што им рекоа првосвештениците и старешините. А овие, штом ги ислушаа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: »Владико, Ти си Бог, Кој го создал небото и земјата, и морето и сѐ што се наоѓа во нив; Кој преку Светиот Дух со устата на нашиот татко Давида, Својот слуга, си рекол: ‚Зошто се бунат народите и луѓето измислуваат празни работи? Се дигнаа царевите земски, и кнезовите се собраа заедно против Господа, и против Неговиот Помазаник.‘ И навистина, се собраа во тој град против Твојот Свет Син Исуса, Кого си Го помазал Ти – Ирод и Понтиј Пилат со незнабошците и со народот израилски, за да го направат она, што го беше определила однапред раката Твоја и советот Твој – да се збидне. И сега, Господи, погледај на нивните заплашувања и дај им на слугите Свои наполно слободно да го проповедаат Твоето слово, полагајќи ја раката Своја за исцеление, и да стануваат чудеса и знаци во името на Твојот Свет Син Исуса.« И откако се помолија, се затресе местото, каде што беа собрани, и сите се исполнија со Дух Свети и слободно го проповедаа словото Божјо. А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа: и никој ништо од својот имот не го наречуваше свое, туку сѐ им беше заедничко. Апостолите, пак, со голема сила сведочеа за воскресението на Господа Исуса Христа; и имаше голема благодат над сите нив. Не постоеше ниеден меѓу нив што имаше потреба за ништо, бидејќи оние, што имаа ниви или куќи, ги продаваа и парите земени за нив ги донесуваа, и ги клаваа пред нозете на апостолите: и секому му се даваше според неговите потреби. Така Јосија, наречен од апостолите Варнава, што значи син на утехата, левит, родум од Кипар, кој имаше нива, ја продаде, ги донесе парите и ги положи пред нозете на апостолите. А еден човек, по име Ананија, со својата жена Сапфира, ја продаде нивата и еден дел од добиените пари сокри, а со знаење на жена си, додека другиот дел го донесе и го кладе пред нозете на апостолите. Но Петар рече: »Ананија, зошто го исполни сатаната срцето твое да Го излажеш Светиот Дух и да утаиш дел од земените пари за нивата? Додека не беше продадена, не беше ли твоја? И, откако ја продаде, не беа ли парите во твоја власт? Зошто вложи во срцето свое таква работа? Ти не излага луѓе, туку Бога!« Кога ги чу Ананија тие зборови, падна и издивна; и голем страв ги обзеде сите што го чуја тоа. Станаа момчињата, го зедоа, го изнесоа и го погребаа. А кога поминаа околу три часа, влезе и жената негова, не знаејќи што станало. И Петар ја праша: »Кажи ми, за толку пари ли ја продадовте нивата?« Таа одговори: »Да, за толку.« Петар потоа ѝ рече: »Зошто сте се договориле да Го искушате Духот на Господа? Ете, пред вратата се нозете на оние што го закопаа твојот маж; и тебе ќе те изнесат.« И таа веднаш падна пред нозете негови и издивна. А момчињата, кога влегоа, ја најдоа мртва, ја изнесоа и ја погребаа до нејзиниот маж. И голем страв ја опфати целата Црква и сите оние што го чуја тоа. А преку рацете на апостолите се појавуваа знаци и стануваа многу чуда меѓу луѓето; и сите беа еднодушни во тремот Соломонов. Но од другите, пак, никој не смееше да се допре до нив; а народот ги величаше. И сѐ повеќе се зголемуваа оние, што веруваа во Господа, мноштво луѓе и жени, така што и по улиците изнесуваа болни и ги полагаа на постелки и носила, та кога ќе помине Петар, барем сенката негова да осени некого од нив. А доаѓаа во Ерусалим и многумина од околните градови, донесувајќи болни, мачени од нечисти духови, и сите се исцелуваа. Тогаш првосвештеникот и сите, што беа со него, припадници на садукејската ерес, станаа и се исполнија со завист, и ги кладоа рацете свои на апостолите и ги фрлија во општиот затвор. Но, преку ноќта ангел Господов ја отвори вратата од затворот, и, откако ги изведе, им рече: Отидете и застанете во црквата, и кажувајте му ги на народот сите зборови за овој благодатен живот! Штом го чуја тоа, апостолите влегоа утрината во храмот и поучуваа. А првосвештеникот и оние што беа со него, кога дојдоа, го свикаа Синедрионот и сите старешини меѓу Израилевите синови и пратија во затворот луѓе да ги доведат апостолите. Но, кога слугите отидоа, не ги најдоа, па, штом се вратија, изјавија, велејќи: »Затворот го најдовме заклучен како што треба и стражата да стои надвор пред портата. А кога отворивме, внатре никого не најдовме.« Штом ги чуја овие зборови, првосвештеникот и старешината на црквата и другите црковни старешини се најдоа во недоумение, што треба ова да значи. Но некој дојде, ги извести и им рече: »Ене, луѓето, што ги затворивте, стојат во црквата и го поучуваваат народот.« Тогаш управникот отиде со слугите и ги доведе, не на сила; зашто се боеја народот со камења да не ги убие нив самите. А кога ги доведоа, ги изведоа пред Синедрионот и првосвештеникот, прашувајќи ги, рече: Зарем не ви забранивме строго да не проповедате во тоа име? А вие пак го исполнивте Ерусалим со вашето учење и сакате крвта на Оној човек да ја фрлите на нас. А Петар и апостолите одговорија и рекоа: »Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето. Бог на татковците наши Го воскресна Исуса, Кого вие Го убивте, приковувајќи Го на дрво. Бог со десницата Своја Го возвиси Него, Началникот и Спасителот, за да му даде покајание и простување на гревовите на Израилот. За тие зборови сведоци Негови сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние, што Му се покоруваат.« Кога го чуја то, тие се разлутија и мислеа да ги убијат. Но во Синедрионот стана тогаш еден фарисеј, по име Гамалиил, учител по Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда за кратко време да ги изведат апостолите надвор, а ним им рече: »Луѓе Израилци, помислете си добро што ќе правите со овие луѓе! Зашто, пред извесно време се беше јавил Тевда, кој зборуваше за себеси, дека е тој нешто и се присоединија кон него околу четиристотини души; тој беше убиен, и сите, што му поверуваа, се разотидоа и исчезнаа. По него, во време на пребројувањето, се јави Јуда Галилеецот и повлече по себе доста народ; но и тој загина и сите, што го последуваа, се растурија. И сега ви велам – оставете ги овие луѓе на мир, не гибајте ги; зашто, ако е таа замисла или тоа дело од луѓе, ќе се разруши; а ако е, пак, од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не станете борци против Бога!« Тие го послушаа; и откако ги повикаа апостолите, ги биеја, и им заповедаа да не зборуваат за името Исусово, па ги пуштија. А тие излегоа од Синедрионот радосни, зашто се беа удостоиле да поднесат навреди за името на Господа Исуса. И секој ден во храмот и по куќите не престануваа да поучуваат и да го проповедаат Евангелието за Исуса Христа. Кога учениците се намножија, елинистите се побунија против Евреите дека при секојдневното делење храна не биле пригледувани нивните вдовици. Тогаш дванаесетте, штом го свикаа целото мноштво ученици, рекоа: »Не е добро ние да го оставиме словото Божјо и да се грижиме околу трпезите. Затоа, браќа, изберете меѓу вас седуммина чесни луѓе, исполнети со Дух Свети и мудрост, што ќе ги поставиме на таа служба; а ние постојано ќе пребиваме во молитва и служба на словото.« Овој предлог му се свиде на сиот народ; па ги избра: Стефана, човек исполнет со вера и Дух Свети, и Филипа, и Прохора, и Никанора, и Тимона, и Пармена, и Николаја, придојден, од Антиохија; нив ги претставија пред апостолите, а овие, штом се помолија, ги положија рацете над нив. И така, словото Божјо растеше, и бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше; и големо мнозинство на свештеници се покоруваа пред верата. А Стефан, исполнет со вера и сила, вршеше големи чудеса и знаци меѓу луѓето. Тогаш станаа некои од синагогата, наречена синагога на Либертинците, и од синагогата на Киринејците и од Александријците, како и оние што беа од Киликија и Азија, и почнаа да се препираат со Стефана; но не можеа да му се спротивставуваат на мудроста и Духот, со Кого тој зборуваше. Затоа подучија некои луѓе да речат: »Го чувме да хули на Мојсеја и на Бога.« И го побунија народот, старешините и книжниците и, откако го нападнаа, го фатија и го одведоа во Синедрионот. И претставија лажни сведоци, кои рекоа: »Овој човек не престанува да хули на ова свето место и на Законот, оти го чувме како зборува: ‚Овој Исус Назареец ќе го разруши ова место и ќе ги измени обичаите, што ни ги предаде Мојсеј.‘« И сите што беа во Синедрионот, се вгледаа во него и видоа дека лицето негово му беше како лице на ангел. Тогаш првосвештеникот рече: »Така ли е тоа?« А тој одговори: »Луѓе, браќа и оци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраама, кога беше во Месопотамија, уште пред да се пресели во Харан, и му рече: ‚Излези од твојата земја, од твојот род и од домот на татка ти, па дојди во земјата, што ќе ти ја покажам.‘ Тогаш тој излезе од земјата Халдејска и се насели во Харан, а оттаму, по смртта на неговиот татко, Бог го пресели во оваа земја, каде што живеете вие сега. И во неа не му даде наследство ни стапка, но вети дека ќе му ја даде на потомството негово и нему во држење, додека уште немаше пород. И му рече Бог вака: ‚Потомците твои ќе бидат придојдени во туѓа земја, и ќе бидат поробени и мачени четиристотини години. Но Јас ќе му судам на оној народ, под чие ропство ќе бидат; а потоа тие ќе излезат, и ќе Ми служат на ова место.‘ И му го даде Заветот за обрезание во осмиот ден. Потоа тој го роди Исака и го обреза; а Исак го роди Јакова, Јаков, пак, дванаесетте патријарси. Патријарсите му завидоа на Јосифа и го продадоа во Египет; но Бог беше со него, и го избави од сите негови маки и го дарува со благодат и мудрост пред Фараонот, египетскиот цар, кој го постави и за началник над Египет и над целиот свој дом. Тогаш настана глад и голема мака по целата земја Египетска и Хананска, и нашите татковци не наоѓаа храна. А Јаков, кога чу дека во Египет има пченица, ги прати најнапред татковците наши. И кога отидоа по вторпат, Јосиф му се откри на брата си, и Јосифовиот род му стана познат и на Фараонот. Тогаш Јосиф прати, та го повика татка си Јакова и сиот свој род – седумдесет и пет души. И Јаков слезе во Египет, и умре таму тој и татковците наши; и ги пренесоа во Сихем, и ги положија во гробот, што го беше купил Авраам со сребро од Емора во Сихем. И кога се приближи времето на ветувањето, за кое Бог му се заколна на Авраама, израснаа луѓето и се намножија, додека во Египет дојде друг цар, кој не го познаваше Јосифа. Тој лукаво постапи со нашиот народ, ги мачеше татковците наши, присилувајќи ги децата свои да ги фрлаат за да не останат живи. Во тоа време се роди и Мојсеј, кој Му беше на Бога мил. Три месеци беше хранет во куќата на својот татко. А кога беше фрлен, него го прибра фараоновата ќерка и го одгледа како свој син. И ја научи Мојсеј целата мудрост египетска и беше силен во зборови и во дела. А кога навршуваше четириесет години, нему му дојде на ум да ги посети браќата свои, синовите Израилеви. И кога виде, дека еден од нив го навредуваа, го заштити; одмаздувајќи се за навредениот го уби Египтјанинот. Тој мислеше дека браќата негови ќе го разберат, оти Бог со неговата рака ќе им даде спасение, но тие не разбраа. А на другиот ден, кога некои од нив се биеја, тој дојде кај нив и ги советуваше да се смират, велејќи: ‚Луѓе, вие сте браќа; зошто се навредувате помеѓу себе?‘ Но оној, што го навредуваше својот ближен, го одби од себеси и му рече: ‚Кој те поставил началник и судија над нас? Или, пак, и мене сакаш да ме убиеш, како што вчера го уби Египтјанинот?‘ Од тие зборови Мојсеј побегна и стана придојден во земјата Мадијамска, каде што му се родија два сина. И кога се навршија четириесет години, во пустината на планината Синајска му се јави ангел Господов во огнен пламен во една капина. Мојсеј, кога виде, се зачуди на тоа видение; и кога се приближи да разбере, пристигна до него гласот Господов: ‚Јас сум Бог на татковците твои, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов.‘ Мојсеј се стресе и не смееше да погледа. А Господ му рече: ‚Собуј си ги обувките од нозете, зашто местото на кое стоиш е света земја! Јас ги видов добро маките на Својот народ што е во Египет, и ја чув неговата издишка; па слегнав да го избавам; а сега пријди да те испратам во Египет!‘ Тој, Мојсеј, кого го беа одбиле, велејќи: ‚Кој те поставил за началник и судија‘, него Бог преку ангелот, кој му се јави во капината, го прати за началник и избавител. Тој ги изведе, откако правеше чудеса и знаци во земјата Египетска и во Црвеното Море и во пустината во тек на четириесет години. Тоа е оној Мојсеј што беше им рекол на синовите Израилеви: ‚Господ, Бог ваш, меѓу браќата ваши ќе ви издигне Пророк како мене; Него послушајте Го.‘ Тоа е оној што во црквата во пустината на планината Синајска беше со ангелот, кој му зборуваше, и со татковците наши; оној што прими живи зборови нам да ни ги предаде, и кому нашите татковци не сакаа да му се покорат, туку го отфрлија со срцата свои и се обрнаа кон Египет, откако му рекоа на Арона: ‚Направи ни богови што ќе врват пред нас; зашто не знаеме што му стана на оној Мојсеј, кој нѐ изведе од Египетската земја.‘ И во оние дни направија теле, и му принесоа жртви на идолот и се веселеа пред делото на своите раце. А Бог се одврати од нив и ги остави да му служат на воинството небесно, како што е напишано во Книгата на пророците: ‚Доме Израилев, Ми принесовте ли вие заколенија и жртви во текот на четириесетте години во пустината? Вие ја примивте скинијата на Молоха и ѕвездата на вашиот бог Ремфана, образи што ги направивте вие, за да им се клањате: и Јас ќе ве преселам потаму од Вавилон.‘ Скинијата на сведоштвото на нашите татковци им беше во пустината, како што беше заповедал Оној, Кој му зборуваше на Мојсеја да ја направи според образецот, што го беше видел. Неа татковците наши ја примија и со Исуса Навина ја внесоа во земјата на незнабошците, што Бог ги отфрлаше од лицето на татковците наши; а тоа стануваше сѐ до деновите на Давида, кој најде милост пред Бога, посака да Му најде живеалиште на Бога Јаковов. А Соломон Му изгради дом. Но Севишниот не живее во ракотворни храмови, како што вели пророкот: ‚Небото е Мојот престол, а земјата подножје на нозете Мои. Каков дом ќе ми направите, вели Господ, или кое место е за Мојата почивка? Не го направи ли сето тоа Мојата рака?‘ Тврдоглави и необрезани по срцето и ушите! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух – како татковците ваши, така и вие. Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? Тие ги убија оние, што го предвестија доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци станавте сега и вие, вие, што го примивте Законот преку ангелите, а не го одржавте.« Кога го слушаа ова, срцата им се кинеа од јад и со забите крцкаа против него. А Стефан, исполнет со Дух Свети, кога погледна кон небото, ја виде славата Божја и Исуса како стои од десната страна на Бога, и рече: »Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога.« Но, тие, откако извикаа со висок глас, ги затворија ушите свои и еднодушно се нафрлија на него. И, кога го изведоа надвор од градот, почнаа на него да фрлаат камења: а сведоците ги оставија алиштата свои пред нозете на едно момче, по име Савле; и фрлаа камења врз Стефана, кој се молеше и велеше: »Господи Исусе, прими го духот мој!« А штом падна на колена, извика со висок глас: »Господи, не примај им го ова за грев!« И како го рече тоа, тој почина. Савле, пак, го одобруваше убиството негово. Во тој ден стана големо гонење против Црквата во Ерусалим, и сите, освен апостолите, се распрснаа по краиштата на Јудеја и Самарија. А Стефана го погребаа побожни луѓе и многу го оплакуваа. Савле, меѓутоа, ѝ пакостеше на Црквата, оти одеше по куќите и извлекуваше луѓе и жени, па ги предаваше во затвор. Оние, пак, што се беа распрснале, одеа проповедајќи го словото. А Филип слезе во еден самариски град и таму им благовестеше за Христа. Народот еднодушно внимаваше на тоа, што зборуваше Филип, слушајќи и гледајќи ги чудата што ги вршеше тој; оти со голем вик излегуваа нечисти духови од оние, во кои се наоѓаа, и мнозина фатени и хроми оздравуваа. И голема радост се јави во тој град. А во градот имаше еден човек по име Симон, кој пред тоа правеше магии и со тоа го доведуваше во чудо народот на Самарија, велејќи за себе дека е тој голем човек. Него го слушаа сите, и мало и големо, и велеа: »Тој е голема сила Божја.« А го слушаа затоа, оти доста време ги беше восхитувал со своите магии. Но кога му поверуваа на Филипа, кој го проповедаше Евангелието за царството Божјо и за името на Исуса Христа, се крштаваа мажи и жени. Тогаш поверува и самиот Симон, и, откако се крсти, остана при Филипа; и, гледајќи дела големи и чудеса што се вршеа, се восхитуваше. Кога чуја апостолите, што беа во Ерусалим, дека Самарија го примила словото Божјо, ги пратија кај нив Петра и Јована, кои, штом слегоа, се помолија за нив за да Го примат Духот Свети. Оти уште ниту на еден од нив не беше слегол Он, а само беа крстени во името на Господа Исуса. Тогаш полагаа над нив раце и тие Го примаа Духот Свети. А Симон, кога чу дека Духот Свети се дава со полагање раце од апостолите, им донесе пари, и им рече: »Дајте ми ја и мене таа власт, та над кого ќе ги положам рацете, да Го прими Духот Свети!« Но Петар му рече: »Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто помисли дека дарот Божји се добива за пари. Ти немаш дел ниту учест во тој дар, бидејќи срцето твое не е право пред Бога. Туку покај се за оваа зла мисла и помоли Му се на Бога за да ти се прости помислата на срцето твое – ако е можно; бидејќи те гледам исполнет со горчлива жолчка и во окови од неправда.« А Симон одговори: »Помолете Му се за мене на Господа вие, та да не ме постигне ништо од она што рековте.« И така, откако посведочија и зборуваа за словото Господово, тргнаа кон Ерусалим, проповедајќи го Евангелието во многу села самариски. А на Филипа му рече ангел Господов: »Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст.« Тој стана и отиде; и ете, еден Етиопјанин, кастриран, властелин на Кандакија, етиопската царица, чувар на сите нејзини ризници, кој дошол во Ерусалим да Му се помоли на Бога, а сега се враќаше и, седејќи в кола, го читаше пророкот Исаија. Духот, пак, му рече на Филипа: »Приближи се и застани до колата!« Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророк Исаија, му рече: »Го разбираш ли тоа, што го читаш?« Овој одговори: »Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?« Па го замоли Филипа да се качи и да седне до него. А местото од Писмото, што го читаше, беше ова: »Како овца на клање беше одведен, и како што јагнето стои безгласно пред својот стригач, така и Он уста Своја не отвори. Во неговото понизување Он беше лишен од праведен суд. А родот Негов кој ќе го објасни? Оти животот Негов се одзема од земјата.« Тогаш Етиопјанинот проговори и му рече на Филипа: »Те молам, за кого ова зборува пророкот, за себе или за некој друг?« А Филип, откако ја отвори устата своја, почна да му објаснува од тоа Писмо и да му благовести за Исуса. И одејќи така патем, тие стигнаа до една вода; и Етиопјанинот рече: »Еве вода! Што ми пречи да се крстам?« А Филип му рече: »Ако веруваш од сѐ срце – можеш.« Тој одговори и рече: »Верувам дека Исус Христос е Син Божји.« И заповеда колата да запре, па слегнаа во водата обајцата, и Филип и Етиопјанинот, и го крсти. А кога излегоа од водата, Духот Свети слегна над Етиопјанинот, а Филипа го грабна ангел Господов. И Етиопјанинот не го виде веќе, па радосно го продолжи својот пат. Филип се најде во Азот, од каде што тргна, проповедајќи го Евангелието по сите градови, додека не стигна во Ќесарија. А Савле, дишејќи уште со застрашувања и убиства против учениците на Господа, дојде при првосвештеникот, и измоли од него писма за Дамаск до синагогите, така што, ако таму најде некои што го следат овој пат, мажи и жени, врзани да ги доведе во Ерусалим. Но, кога беше на пат и наближуваше до Дамаск, наеднаш го обзеде светлина од небото, и, откако падна на земја, чу глас што му зборуваше: »Савле, Савле, зошто Ме гониш?« А тој одговори: »Кој си Ти, Господине?« А Господ му рече: »Јас сум Исус, Кого Го гониш ти. Тешко е за тебе да се риташ против бодило.« Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: »Господи, што сакаш да направам?« А Господ му рече: »Стани и влези во градот; и ќе ти се каже што треба да правиш!« А луѓето, што одеа со него, стоеја зачудени, оти слушаа глас, а никого не гледаа. Савле стана од земјата и, макар што му беа очите негови отворени, никого не гледаше: и водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск. И беше три дена слеп, и не јаде, и не пи. Во Дамаск, пак, имаше еден ученик по име Ананиј, кому во видение Господ му рече: »Ананиј!« А тој одговори: »Еве ме Господи!« Тогаш Господ му рече: »Стани и оди во улицата, што се вика Права, и во домот Јудин побарај го човекот тарсанин, по име Савле; ете, тој се моли.« И во видение го виде човекот, по име Ананија, како влегол и положил раце над него, за да прогледа. А Ананиј одговори: »Господи, од мнозина сум слушал за тој човек колку зло им правел на светиите твои во Ерусалим; а тој и овде има власт од првосвештениците да ги врзува сите, што го призовуваат името Твое.« Но Господ му рече: »Оди, оти тој ми е избран сад, за да го изнесе името Мое пред народи и цареви и синовите Израилеви. И Јас ќе му покажам, колку треба тој да пострада заради името Мое.« И Ананиј отиде и влезе во куќата, и, откако ги положи рацете свои над него, рече: »Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати, за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети.« И одеднаш како лушпи да паднаа од очите негови, и тој прогледа и, кога стана, се покрсти. А штом прими храна, Савле се поткрепи и неколку дена преседе со учениците што беа во Дамаск; и веднаш почна да проповеда во синагогите за Исуса, дека е Он Син Божји. И сите, што го слушаа, се чудеа и зборуваа: »Не е ли овој, кој во Ерусалим ги гонеше оние што го спомнуваа ова име, та затоа и овде дошол за да ги заведе врзани при првосвештениците?« А Савле се засилуваше сѐ повеќе и ги збунуваше Јудејците кои живееја во Дамаск, докажувајќи им дека Овој е Христос. А откако минаа многу дни, Јудејците се договорија да го убијат. Но Савле узна за тој заговор. Тие, пак, дење и ноќе го чекаа на портата, за да го убијат. Но учениците го зедоа ноќе и в кошница го спуштија по ѕид. А кога пристигнаа во Ерусалим, Савле се трудеше да се присоедини кон учениците; но сите се плашеа од него, бидејќи не веруваа оти е тој ученик. Варнава, пак, откако го зеде, го одведе при апостолите и им прикажа како тој патем Го видел Господа, а дека Господ му зборувал, како и тоа оти во Дамаск отворено проповедал во името на Исуса. И беше со нив, влегуваше и излегуваше во Ерусалим, и отворено проповедаше во името на Господа Исуса. А зборуваше и се препираше исто така и со Елините; а и тие се обидуваа да го убијат. Штом разбраа за тоа браќата, го одведоа во Ќесарија и го препратија во Тарс. А црквите во цела Јудеја, Галилеја и Самарија беа во мир, напредуваа и одеа во страв Господов; и со утеха на Светиот Дух се умножуваа. Посетувајќи ги сите, Петар слезе и при светиите што живееја во Лида. Таму, пак, најде еден човек по име Енеј, кој цели осум години лежел на постела, оти бил фатен. И Петар му рече: »Енеј, тебе те исцелува Исус Христос. Стани и собери си ја постелата своја!« И тој стана веднаш. И го видоа сите што живееја во Лида и во Сарон, и се обрнаа кон Господа. Во Јопија се наоѓаше една ученичка, по име Тавита, што значи срна; таа беше исполнета со милостина и добри дела, што ги правеше. И се случи во тие дни да се разболи и да умре; тогаш ја измија и ја положија во горната одаја. А бидејќи Лида беше близу до Јопија, учениците како чуја дека е Петар таму, испратија два човека при него, молејќи го да дојде до нив што побргу. Петар се крена и отиде при нив, и, кога пристигна, го одведоа во горната одаја, и дојдоа кај него сите вдовици, плачејќи и покажувајќи му ги ризите и облеките, што ги беше правела Срна, додека живееше со нив. Петар, откако ги истера сите надвор, падна на колена, се помоли, па се обрна кон телото и рече: »Тавита, стани!« И таа ги отвори очите свои, па, како го виде Петра, седна. А Петар тогаш ѝ подаде рака и ја подигна; и, штом ги повика светиите и вдовиците, им ја предаде жива. И ова се разгласи по цела Јудеја, и мнозина поверуваа во Господа. И реши тој да остане во Јопија многу денови при некој си Симон кожарот. Во Ќесарија имаше еден човек, по име Корнилиј, стотник од полкот наречен Италиски; маж благочестив и богобојазлив со целиот свој дом; и даваше милостина на многу луѓе и секогаш Му се молеше на Бога. Околу деветтиот час од денот, тој виде најаве како му се прикажа ангел Божји, кој влезе при него и му рече: »Корнилиј!« А тој се вгледа во него и уплашен рече: »Што, Господи?« Тој му рече: »Бог си спомна за молитвите твои и милостините твои. И сега, прати луѓе во Јопија и повикај го Симона, наречен Петар. Тој е таму кај некој си Симон кожарот, чија куќа се наоѓа покрај морето; тој ќе ти каже зборови преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.« Откако си отиде ангелот, што му зборуваше, Корнилиј повика двајца од своите слуги и еден благочестив војник, кои постојано се наоѓаа при него; па, откако им кажа сѐ, ги прати во Јопија. На другиот ден, кога тие патуваа и наближуваа до градот, Петар околу шестиот час се качи на рамниот покрив од куќата, да се помоли. И бидејќи беше огладнел, сакаше нешто да јаде; а додека му приготвуваа, тој падна во занес, и го виде небото отворено и некаков сад да слегува кон него, како некое големо платниште, врзано за четирите краишта, и се спушташе на земјата, во кое ги имаше сите четвороножни животни, ѕверови, лазачи и птици небески. И се чу глас кон него: »Петре, стани, заколи и јади!« А Петар рече: »Никако, Господи, оти никогаш не сум јал погано или нечисто.« И повторно се чу глас кон него: »Она, што Бог го очистил, ти не го сметај за нечисто!« Тоа се повтори трипати, а садот пак се крена кон небото. И додека Петар беше во недоумение, што значи тоа видение, што го виде, ете ги луѓето, испратени од Корнилиј, кои, откако се распрашуваа и го најдоа домот на Симона, застанаа пред портата. И, откако повикаа, прашаа: »Овде ли гостува Симон, наречен Петар?« И дури Петар размислуваше за видението, Духот му рече: »Ете, те бараат три човека. Туку стани, слегни и оди со нив, не размислувајќи ништо; зашто Јас ги пратив!« Штом слегна при луѓето, испратени од Корнилиј при него, Петар рече: »Јас сум тој, кого го барате. Зошто сте дошле?« А тие му одговорија: »Стотникот Корнилиј, човек праведен и богобојазлив, познат по своите добрини меѓу јудејскиот народ, прими заповед од светиот ангел да те повика во својот дом и да ги послуша твоите зборови.« Тогаш Петар ги повика внатре и ги нагости. А утрината стана и отиде со нив; и некои од јописките браќа заминаа со него. На вториот ден тие влегоа во Ќесарија. А Корнилиј ги чекаше, откако ги беше повикал роднините свои и пријателите блиски. Кога Петар влегуваше, Корнилиј го пресретна, падна пред нозете негови и му се поклони. А Петар го подигна и му рече: »Стани и јас сум човек.« И разговарајќи со него, влезе и најде мнозина собрани. И им рече: »Вие знаете дека не му прилега на човек Јудеец да се дружи или да оди кај човек од друг род. Но мене Бог ми покажа ниеден човек да не го наречувам поган или нечист. Затоа, а и бидејќи поканет, дојдов без двоумење. Сега ве прашувам за што пративте по мене?« И Корнилиј одговори: »Пред четири дена до овој час постев, а во деветтиот час се молев во својот дом; и одеднаш, пред мене застана човек во светла облека, и ми рече: ‚Корнилиј, твојата молитва е услишена, и за твоите милостини Бог Си спомна. Затоа прати во Јопија и повикај го Симона, наречен Петар; тој се наоѓа сега кај Симона кожарот, покрај морето; тој ќе дојде и ќе ти зборува.‘ И веднаш пратив по тебе, и ти добро направи што дојде. Сега, пак, ние сите стоиме пред Бога за да чуеме сѐ што ти е од Бога заповедано.« Тогаш Петар ја отвори устата и рече: »Навистина признавам дека Бог не гледа на лице; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е. Он им го прати на синовите Израилеви словото, благовестувајќи мир преку Исуса Христа, Кој им е Господ на сите. Вие знаете за сето она што се изврши по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштавањето, што го проповедаше Јован: како Го помаза Бог со Дух Свети и сила Исуса од Назарет, и како Он одеше вршејќи добри дела и исцелувајќи ги сите што беше ги нападнал ѓаволот, зашто Бог беше со Него. И ние сме сведоци за сѐ, што направи Он во земјата Јудејска и во Ерусалим. Како Го убија, распнувајќи Го на дрво. Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се појавува, но не на сиот народ, туку само нам, предизбрани од Бога сведоци, кои јадевме и пиевме со Него по Неговото воскресение од мртвите. И ни заповеда да им проповедаме на луѓето и да сведочиме, дека Он е од Бога определениот Судија над живите и мртвите. Сите пророци сведочат за тоа, дека секој, што ќе поверува во Него, ќе добие простување на гревовите преку Неговото име.« Додека Петар уште ги зборуваше тие зборови, Дух Свети слезе над сите што го слушаа словото. А обрезаните верници, што беа дошле со Петра, се зачудија дека и над незнабошците се излеа дарот на Светиот Дух, зашто ги слушаа да зборуваат на разни јазици и да Го величаат Бога. Тогаш Петар рече: Може ли некој да забрани да се крстат со вода оние, кои Го примија Духот Свети како ние? И им заповеда да се крстат во името на Исуса Христа. Потоа тие го замолија да остане при нив неколку дена. Апостолите и браќата, кои беа во Јудеја, чуја дека и незнабошците го примиле словото Божјо. И кога Петар влезе во Ерусалим, обрезаните, што беа со него го укорија, велејќи: »Ти си бил при необрезаните луѓе и си јал со нив.« А Петар почна да им расправа за сѐ по ред, велејќи: »Јас бев во градот Јопија, и, додека се молев, се занесов и ете видение: од небото слегуваше некаков сад, како некое платниште, врзано за четирите краишта, и пријде дури до мене. Откако погледав во него и го разгледав, видов четвороножни земни животни, и ѕверови, и лазачи, и птици небески. И чув глас што ми зборуваше: ‚Стани, Петре, заколи и јади!‘ Јас пак реков: ‚Не, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во устата моја.‘ А гласот од небесата повторно проговори и рече: ‚Она, што Бог го очистил, ти не го погани!‘ Тоа се повтори трипати; и пак се крена на небото. И ете, во тој час, пред куќата, во која живеев јас, застанаа три човека, испратени при мене од Ќесарија. А Духот ми рече да појдам со нив, не двоумејќи се. Со мене дојдоа и овие шестмина браќа, и влеговме во куќата на оној човек. Тој ни кажа како видел ангел во куќата своја, кој застанал и му рекол: ‚Прати во Јопија луѓе и повикај го Симона, наречен Петар. Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.‘ И кога почнав јас да зборувам, над нив слезе Духот Свети, како и над нас во почетокот. Тогаш се сетив на зборовите Господови, како што зборуваше: ‚Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Дух Свети.‘ Кога, пак, Бог им даде еднаков дар, како и нам, кои поверувавме во Господа Исуса Христа, тогаш кој сум јас да Му се воспротивам на Бога.« Откако го ислушаа тоа, тие се успокоија и Го прославуваа Бога, велејќи: »Значи, и на незнабошците Бог им даде покајание за живот.« А оние, што се беа распрснале поради гонењето заради убиството на Стефана, стигнаа дури до Феникија, Кипар и Антиохија, не проповедајќи го словото никому освен на Јудејците. А некои од нив – Кипрани и Киринејци, штом влегоа во Антиохија, им зборуваа на Елините, проповедајќи им го Евангелието на Господа Исуса. И раката Господова беше со нив, та голем број луѓе поверуваа и се обрнаа кон Господа. И дојде слух за нив до ушите на црквата ерусалимска; и го испратија Варнава да отиде во Антиохија. А тој, кога пристигна, ја виде благодатта Господова, се зарадува, и со искрено срце ги молеше да пребиваат во Господа; оти тој беше човек добар и исполнет со Дух Свети и вера. И многу народ се присоедини кон Господа. Тогаш, пак, Варнава отиде во Тарс да го бара Савла; и откако го најде, го доведе во Антиохија. И цела година тие се собираа во црквата и поучуваа многу народ; и најнапред во Антиохија ги нарекоа учениците христијани. А во тие дни слегнаа од Ерусалим во Антиохија и пророци. И еден од нив, по име Агав, пророче преку Духот дека по целата вселена ќе настане голем глад; а таков и настана во времето на ќесарот Клаудиј. Тогаш учениците решија, секој, со што располагаше, да испрати помош на браќата, што живееја во Јудеја; и тоа го направија, откако го пратија собраното до старешините преку Варнава и Савла. Во тоа време цар Ирод кладе рака на некои од Црквата, за да им направи зло, и со меч го уби Јакова, братот Јованов. А кога виде, дека тоа им се свиде на Јудејците, го фати и Петра, а тогаш беа дните на Бесквасници. И, како го задржа, го фрли в затвор и го предаде на четири четворки војници да го пазат, а со мисла веднаш по Пасхата да го изведе пред народот. И така, Петар беше пазен во затворот, а Црквата постојано Му се молеше на Бога за него. А кога Ирод сакаше да го изведе, ноќта спроти тој ден, Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во две вериги, а стражарите пред портата пазеа на затворот. И, ете, ангел Господов застана, и светлина блесна во затворот. Ангелот го потчукна Петра по ребрата и го разбуди, па му рече: »Стани брзо!« И веригите му паднаа од рацете негови. Тогаш ангелот му рече: »Опаши се и обуј си ги чевлите!« Така и направи. И пак му рече: »Облечи ги алиштата свои и врви по мене!« И излезе и тргна по него, а не знаеше дека тоа, што го прави ангелот, е вистина, туку си мислеше оти привид гледа. Откако ја изминаа првата и втората стража, дојдоа до железната порта, што водеше кон градот, а таа им се отвори сама; тие излегоа и преминаа преку една улица, и во тој час ангелот го снема. Тогаш Петар, откако дојде на себеси, си рече: »Сега разбрав навистина дека Господ го пратил Својот ангел да ме избави од рацете Иродови и од сѐ, што очекуваше јудејскиот народ.« Откако се размисли, тој се упати кон куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко, каде што беа собрани многумина и се молеа. А кога Петар чукна на портата, пристапи да наслушнува слугинката по име Рода. И, откако го позна гласот на Петра, таа од радост не ја отвори портата, туку се втрчна и јави дека Петар стои пред портата. А тие ѝ рекоа: »Луда ли си ти?« Но таа потврдуваше дека тоа е така. А тие велеа: »Тоа е неговиот ангел.« Петар, пак, постојано чукаше. А кога му отворија, го видоа и се зачудија многу. А тој им мавна со раката да молчат, потоа им раскажа како Господ го извел од затворот, и рече: »Соопштете му за ова на Јакова и на браќата!« И, откако излезе, отиде на друго место. Утредента меѓу војниците стана голем смут за тоа што станало со Петра. А кога Ирод го побара и не го најде, ги распраша стражарите, и заповеда да ги казнат. Потоа тој слезе од Јудеја во Ќесарија, и таму живееше. Ирод беше гневен на Тирците и Сидонците. Но тие се договорија и дојдоа при него еднодушни, и, откако го придобија на своја страна Власта, царевиот собар, побараа мир, оти нивните земји добиваа храна од неговото царство. Во определениот ден Ирод се облече во царска облека и, како седна на престолот, им зборуваше. А народот викаше: »Ова е глас Божји, а не човечки.« Но наеднаш го порази ангел Господов, зашто не Му воздаде слава на Бога. И, изеден од црви, тој умре. А словото Божјо растеше и се распространуваше. Варнава и Савле, откако ја предадоа помошта, се вратија од Ерусалим во Антиохија, а го зедоа со себе и Јована, наречен Марко. Во Антиохијската црква имаше некои пророци и учители, како: Варнава и Симеон, наречен Нигер, Луциј Киринеецот, и Манил, одгледан со Ирода четворовласникот, и Савле. Кога Му служеа на Господа и постеа, Духот Свети рече: »Одвојте ми ги Варнава и Савла за дело, за кое ги повикав!« Тогаш тие, откако постеа и се помолија, положија раце над нив и ги пуштија. И така, испратени од Светиот Дух, тие слегоа од Селевкија, и оттаму отпловија за Кипар. И кога стигнаа во Саламин, тие го проповедаа словото Божјо во јудејските синагоги, а го имаа со себе и Јована како помошник. А кога го поминаа островот сѐ до Пафос, најдоа еден човек маѓесник и лажен пророк, Јудеец, по име Вариисус, кој беше со намесникот Сергиј Павле, човек умен. Тој, откако ги повика Варнава и Савла, посака да го чуе словото Божјо. А маѓесникот Елим, зашто неговото име така се толкува, им се спротивстави, трудејќи се намесникот да го одврати од верата. Но Савле, кој се викаше и Павле, исполнет со Дух Свети, погледа на него, и рече: »О, ти, кој си полн со секаква лага и злоба, сине ѓаволски, непријателу на секаква правда, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта? И еве сега, раката Господова е врз тебе: ќе бидеш слеп и за некое време нема да го гледаш сонцето!« И наеднаш над него падна мрак и темнина, и жбарајќи, бараше водач. Тогаш намесникот, откако виде што стана, поверува, восхитувајќи се на Божјото учење. Откако отпловија од Пафос, Павле и оние, што беа со него, пристигнаа во Пергија Памфилиска; а Јован се одвои од нив – и се врати во Ерусалим. А тие, кога отидоа од Пергија, стигнаа во Антиохија Писидиска, и откако влегоа во синагогата во саботен ден, седнаа. По читањето на Законот и на Пророците, старешините на синагогата пратија да им кажат: »Мажи, браќа, ако има во вас слово за утеха на народот, зборувајте!« А Павле, кога стана и мавна со раката, рече: »Луѓе Израилци, и вие, што се боите од Бога, послушајте! Бог на овој народ, Израилот, ги избра татковците наши, и го дигна овој народ кога тие пребиваа во земјата Египетска, и со раката Своја силна ги изведе од неа; и околу четириесет години ги хранеше во пустината; а откако истреби седум народи во земјата Хананска, им ја раздели земјата со ждреб. Потоа, околу четиристотини и педесет години им даваше судии до пророкот Самуил. И оттогаш бараа цар, и Бог им го даде Саула, Кисовиот син, човек од Венијаминовото колено, за четириесет години. Кога го отстрани него, за цар им го подигна Давида, за кого и рече, сведочејќи: ‚Најдов маж по срцето Свое, Давида, синот Јесеев, кој ќе ги исполни сите Мои барања.‘ Од неговото потомство Бог, според ветувањето на Израилот, Го издигна Спасителот Исуса, откако Јован пред Неговото доаѓање му проповедаше на сиот израилски народ покајно крштавање. А кога Јован ја завршуваше својата работа, велеше: ‚За кого ме сметате? Јас не сум Он, но, ете, по мене иде Оној, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни обувките на Неговите нозе.‘ Вам, мажи, браќа, синови од родот на Авраама, и на оние меѓу вас, што се бојат од Бога, испратено е словото на ова спасение. Оти жителите ерусалимски и нивните началници, откако не Го познаа Оној, и пророчките зборови, што се читаат секоја сабота, и откако Го осудија, го потврдија тоа: ‚И не наоѓајќи никаква вина за осуда на смрт, побараа од Пилата да Го убие.‘ А кога го извршија сето тоа, што беше напишано за Него, Го симнаа од дрвото и Го положија в гроб. Но Бог Го воскресна од мртвите, и преку многу дни Он им се јавуваше на оние, што со Него дојдоа од Галилеја во Ерусалим и кои се сега сведоци Негови пред народот. И ние сега ви соопштуваме дека ветувањето, дадено на нашите татковци, Бог го исполни на нас, чедата нивни, откако Го воскресна Исуса. Како што е и во вториот псалм напишано: ‚Син Мој си Ти. Денес Те родив Јас.‘ А дека Го воскресна од мртвите, та веќе да не се враќа во распаѓање, рекол вака: ‚Ќе ви ги дадам неизменети милостите на Давида.‘ За тоа и на друго место зборува: ‚Нема да позволиш Твојот светец да види распаѓање.‘ Зашто Давид, откако му послужи на својот род, според Божјата волја, се присоедини кон татковците и виде распаѓање; но Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде распаѓање. И така, знајте, мажи и браќа, дека преку Него вам ви се проповеда простување на гревовите. И од сѐ, од што не сте можеле да се оправдате преку Законот Мојсеев, преку Него се оправдува секој кој верува. Но пазете да не дојде на вас што е речено во Пророците: ‚Гледајте вие, кои презирате и се чудите, и нека ве снема! Оти во ваши дни ќе извршам дело, во кое немаше да поверувате, ако некој би ви го раскажувал.‘« А кога излегуваа од синагогата Јудејска, незнабошците ги помолија овие зборови да им се проповедаат и ним во идната сабота. И кога се растури соборот, мнозина Јудејци и побожни преселници појдоа по Павла и Варнава, кои, зборувајќи со нив, им советуваа да останат во Божјата благодат. Во идната сабота се собра скоро целиот град да го чуе словото Божјо. Но Јудејците, кога видоа многу народ, се исполнија со завист и му противречеа на она што го зборуваше Павле и хулеа. Тогаш Павле и Варнава им рекоа отворено: »Словото Божјо требаше најнапред вам да ви се проповеда, но кога вие го отфрлате и сами покажувате дека не сте достојни за вечниот живот, затоа, еве, ние се обраќаме кон незнабошците. Зашто Господ така ни заповеда: ‚Те поставив за светлина на незнабошците, да бидеш спасение до крајот на земјата.‘« Незнабошците, слушајќи го тоа, се радуваа и го славеа словото Господово и поверуваа сите, кои беа определени за живот вечен. И словото Господово се распространуваше по целиот крај. Но Јудејците, откако ги наговорија побожните и чесните жени и првенците градски, подигнаа гонење против Павла и Варнава, и ги истераа од својот крај. Тие, откако го истресоа правот од нозете свои на нив, отидоа во Иконија. А учениците се исполнија со радост и Дух Свети. Во Иконија се случи тие заедно да влезат во јудејската синагога, и зборуваа така, што мнозина Јудејци и Елини поверуваа. А Јудејците, што не веруваа, ги побунија и раздразнија духовите на незнабошците против браќата. Но тие сепак останаа тука доста време и говореа отворено за Господа, Кој сведочеше за словото на Својата благодат, давајќи преку нивните раце да стануваат знаци и чуда. А народот во градот се раздели: едни беа со Јудејците, а други со апостолите. И кога незнабошците и Јудејците, со своите началници се готвеа да ги хулат и да ги каменуваат, тие, штом разбраа, се засолнија во ликаонските градови Листра и Дервија и во нивната околина, и таму го проповедаа Евангелието. Во Листра имаше еден човек, немоќен во нозете, кој беше хром од мајчината утроба; седеше и не беше одел никогаш. Тој слушаше кога Павле зборуваше; а Павле, кога се вгледа, виде дека во него има вера да оздрави, па му рече со висок глас: »Тебе ти велам во името на Господа Исуса Христа: исправи се на нозете свои!« И тој веднаш почна да скока и прооде. А луѓето, кога видоа што направи Павле, го подигнаа гласот свој и зборуваа на ликаонски: »Боговите слегнале при нас во образ човечки.« И Варнава го нарекоа Зевс, а Павла Хермес, бидејќи тој управуваше со словото. Жрецот, пак, на Зевса, чиј кип се наоѓаше пред нивниот град, откако доведе јунци и донесе венци пред портата, сакаше заедно со народот да принесе жртва. Но апостолите Варнава и Павле, кога чуја за тоа, ги раскинаа своите облеки, се втурнаа меѓу народот, гласно викајќи: Луѓе, зошто го правите ова? И ние сме смртни како и вие, но ви проповедаме да се обратите од овие лажни работи кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив; Кој поранешните поколенија на народите ги остави да врват по нивните патишта, иако не престануваше да сведочи за Себе, правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост. И зборувајќи за ова, одвај го убедија народот да не им принесува жртва, туку секој да си оди во својата куќа. Додека се наоѓаа таму и поучуваа, од Антиохија и од Иконија дојдоа некои Јудејци, и, кога апостолите зборуваа отворено, тие го убедија народот да ги напушти, велејќи дека ништо вистинско не зборуваат, туку само лажат; а кога го наговорија народот, го каменуваа Павла и го извлекоа надвор од градот, мислејќи дека е мртов. Кога се собраа околу него учениците, тој стана и отиде во градот, а на другиот ден со Варнава заминаа за Дерва. И, откако го проповедаа Евангелието во тој град и мнозина придобија и научија, тие се вратија во Листра, Иконија и Антиохија, утврдувајќи ги душите на учениците и советувајќи им во верата да бидат постојани, оти во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки. Па, откако им ракоположија свештеници за – секоја црква, се помолија со пост, и ги предадоа на Господа, во Кого беа поверувале. А штом минаа преку Писидија, дојдоа во Памфилија; и, откако го проповедаа словото Господово во Перга, слегоа во Аталија, а оттаму отпловија за Антиохија, откаде што беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија. Штом пристигнаа и ја собраа црквата, тие прикажуваа за сѐ, што направи Бог со нив и како и тоа дека Он ја отворил вратата на верата и за незнабошците. И таму останаа не малку време со учениците. А некои, слегнати од Јудеја, ги учеа браќата: »Ако не се обрежете според укажувањето Мојсеево, не можете да се спасите!« А кога настана расправија, и Павле и Варнава не малку се препираа со нив, па определија Павле и Варнава од нив и некои други да отидат горе при апостолите и старешините во Ерусалим за ова прашање. Тие, пак, испратени од црквата, минеа преку Финикија и Самарија, зборувајќи за обраќањето на незнабошците и предизвикуваа голема радост кај сите браќа. А кога дојдоа во Ерусалим, ги примија црквата, апостолите и старешините и рекоа сѐ што направи со нив Бог и како ја отвори вратата на верата и за незнабошците. Тогаш станаа некои од фарисејската ерес, што беа поверувале, и зборуваа дека тие треба да се обрезуваат, и да им се заповеда да го пазат Законот Мојсеев. Апостолите и старешините се собраа да го разгледаат тоа прашање. По долго расправање стана Петар и им рече: »Луѓе, браќа, вие знаете дека Бог од првите дни ме избра меѓу вас незнабошците од мојата уста да го чујат словото евангелско и да поверуваат; и Бог, Кој ги познава срцата, им посведочи, и им даде Дух Свети како и нам, и не правејќи никаква разлика меѓу нас и нив, ги очисти со верата нивните срца. Сега, пак, зошто го искушувате Бога, ставајќи им на вратот на учениците јарем, што не можеа да го поднесат ни нашите татковци, ниту ние. Но ние веруваме дека ќе се спасиме со благодатта на Исуса Христа, како и тие.« Тогаш замолкна сето мноштво и го слушаа Варнава и Павла, кои прикажуваа какви знаци и чудеса направил Бог преку нив меѓу незнабошците. А кога тие престанаа, тогаш прозборува Јаков и рече: »Мажи, браќа, чујте ме! Симон изложи како Бог најнапред ги посети незнабошците, та од нив да избере народ што ќе го носи Неговото име; и со тоа се согласуваат и зборовите на Пророците како што е напишано: ‚И потоа ќе се обрнам и ќе го обновам паднатиот дом на Давида, и неговите урнатини ќе ги поправам и ќе го издигнам, за да Го побараат Господа и другите луѓе и сите народи, кои се наречени со Моето име.‘ Така вели Господ, Кој го прави сето ова. Познати Му се на Бога сите Негови дела од создавањето на светов. Затоа јас мислам дека не треба да им се прават мачнотии на оние незнабошци, кои се обраќаат кон Бога, туку да им се заповеда да се воздржуваат од идолски жртви, од блудство, од удавено и од крв, и да не му прават на друг ништо, што ним не им е угодно. Зашто Мојсеј во сите градови има луѓе од старите времиња, кои го проповедаат, оти неговиот Закон се чита по синагогите во секоја сабота.« Тогаш апостолите и старешините со целата црква најдоа за добро да ги изберат меѓу себе Јуда, наречен Варсава, и Сила, луѓе истакнати меѓу браќата, и со Павла и Варнава да ги пратат во Антиохија. И со своите раце им го напишаа следново: »Апостолите, свештениците и браќата ги поздравуваат обратените браќа што се во Антиохија и Сирија и Киликија. Бидејќи чувме дека некои, што излегоа од нас, ве смутиле со зборови, и ги одвратиле душите ваши, велејќи ви да се обрезувате и да го пазите Законот, на кои ние не сме им заповедале; та, откако се собравме, еднодушно најдовме за добро да избереме луѓе и да ги пратиме при вас заедно со нашите омилени Варнава и Павла, луѓе, кои ги предадоа душите свои за името на нашиот Господ Исус Христос. И така, ние ви ги пративме Јуда и Сила, кои ќе ви го кажат тоа и со зборови. Зашто на Светиот Дух и нам ни беше угодно веќе никакво бреме да не ви ставаме освен она што е потребно: да се воздржувате од принесување жртви на идоли и од крв, од удавено, од блудство, и да им правите на други она што вам не ви е угодно. Ако се пазите од ова, добро ќе направите. Бидете здрави!« И така испратени, тие дојдоа во Антиохија, и, кога го собраа народот, му го предадоа посланието. А кога го прочитаа, се зарадуваа поради утехата. Јуда, пак, и Сила, бидејќи и сами пророци, со многу зборови ги утешија браќата и ги утврдија. Откако престојуваа таму некое време, ги отпуштија браќата со мир при апостолите. Но Сила најде за добро да остане таму, а Јуда се врати во Ерусалим. Павле, пак, и Варнава живееја во Антиохија, поучувајќи и благовестувајќи го словото Господово заедно со мнозина други. По неколку дни Павле му рече на Варнава: »Да појдеме пак по сите градови, каде што го проповедавме словото Господово за да ги видиме како живеат.« Варнава предложи да го земат со себе и Јована, наречен Марко. Но Павле сметаше за недостојно да го земат со себе оној, што се беше одделил од нив во Памфилија и не беше пошол со нив по работата, за која беа пратени. Поради тоа се појави расправија, така што тие се разделија еден од друг; и Варнава, откако го зеде Марка, отплови за Кипар; а Павле си го избра Сила и тргна предаден на Божјата благодат од браќата. И, минувајќи низ Сирија и Киликија, ги утврдуваше црквите. Тој пристигна во Дервија и Листра. И ете, таму живееше некој си ученик, по име Тимотеј, син на жена Јудејка, која беше поверувала, и на татко Елин; тој ученик беше посведочен како добар меѓу браќата во Листра и Иконија. Него посака Павле да го земе со себе; и откако го зеде, го обреза поради Јудејците, кои живееја по тие места; зашто сите знаеја дека татко му е Елин. И одејќи по градовите, тие им порачуваа на верните да пазат на одредбите, определени од апостолите и презвитерите во Ерусалим. И така, црквите се утврдуваа во верата, а и по број се умножуваа секој ден. Штом ги преминаа Фригија и Галатијскиот крај, ним им беше допуштено од Светиот Дух да го проповедаат словото во Азија. А кога дојдоа во Мизија, се обидоа да отидат во Витинија; но Духот не ги пушти. И кога ја напуштија Мизија, тие слегоа во Троада. Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: »Премини во Македонија и помогни ни!« По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нѐ повикал таму да го проповедаме Евангелието. И така, откако отпловивме од Троада, стигнавме право во Самотраки, а на вториот ден – во Неапол, а оттаму во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија. Во тој град престојувавме неколку дена. А во саботата излеговме надвор од градот при една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени. И една богобојазлива жена од градот Тиатир, по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на она, што зборуваше Павле. А кога се покрсти таа и нејзините домашни, нѐ замоли и рече: »Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!« И нѐ принуди. Во оние дни, кога одевме на молитва, нѐ сретна една слугинка, која имаше гледачки дух, и на господарите свои им донесуваше големи приходи, вражајќи. И одејќи по Павла и по нас викаше, зборувајќи: »Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог, што ви го соопштуваат патот на спасението.« Ова го правеше таа многу дни. И кога му здодеа на Павла, тој се сврти кон духот и му рече: »Ти заповедам во името на Исуса Христа излези од неа!« И излезе во истиот час. Штом видоа господарите нејзини дека отиде надежта на нивното богатење, ги фатија Павла и Сила, и ги довлекоа на плоштадот кај началниците. И кога ги приведоа пред управниците, рекоа: »Овие луѓе, што се Јудејци, го бунат нашиот град и проповедаат обичаи што нам, како Римјани, не ни пристои ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме.« Тогаш се струпа на нив народот; а управниците, штом им ги расцепија алиштата, повелаа да ги бијат со стапови; и, откако ги испоранија многу, ги фрлија в затвор, а на темничниот стражар му наредија да ги пази добро. А стражарот, штом прими таква заповед, ги фрли во внатрешниот затвор и нозете им ги стегна во клада. Во полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. Одеднаш настана потрес голем, така што и темелите на затворот се поместија, и веднаш се отворија сите врати и оковите на сите отпаднаа. А стражарот темнички, кога дојде при свест и ги виде вратите на затворот отворени, извади меч и сакаше да се убие, оти помисли дека затворениците избегале. Но Павле викна со силен глас и рече: »Не прави на себеси никакво зло, бидејќи сме овде!« А тој побара светило, истрча и растреперен падна пред Павла и Сила; па, откако ги изведе надвор, рече: »Господари, што треба да направам, па да се спасам?« А тие му одговорија: »Поверувај во Господа Исуса Христа, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!« И му го проповедаа словото Господово нему и на сите што беа со него во куќата негова. Па, како ги прибра ноќта во тоа време, им ги изми раните и веднаш се покрсти тој сам и сите негови домашни; и, штом ги воведе во својата куќа, постави трпеза и се зарадува со целиот свој дом, оти поверува во Бога. А кога осамна, војводите пратија судски служители, кои рекоа: »Пушти ги оние луѓе!« Затворскиот стражар му соопшти за тоа на Павла: »Војводите пратија да ве ослободам. Затоа, излезете сите и одете си со мир!« Но Павле им рече: »Откако нѐ биеја пред народот без суд и нѐ фрлија в затвор, нас римски граѓани, сега тајно ли нѐ пуштаат? Не, нека дојдат и сами нека нѐ извадат!« Градските служители им го кажаа тоа на војводите; а тие се уплашија, кога чуја, дека се тие римски граѓани. И дојдоа, па се извинија пред нив, ги изведоа и ги замолија да излезат од градот. А тие, штом излегоа од затворот, отидоа во домот на Лидија, ги видоа браќата, ги утешија и си тргнаа. Минејќи преку Амфипол и Аполонија, дојдоа во Солун, каде што имаше јудејска синагога. Павле, по својот обичај, влезе при Јудејците и три саботи по ред им зборуваше од Писмото, откривајќи им и докажувајќи дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека овој Исус, Кого тој им Го проповеда, е Христос. И некои од нив поверуваа и се присоединија кон Павла и Сила, – големо мнозинство богобојазливи Елини, а исто така и не малку видни жени. Но некои од Јудејците, што не поверуваа, завидоа и зедоа некои лоши луѓе, се собраа во групи и го разбунтуваа градот и, откако ја нападнаа Јасоновата куќа, ги бараа за да ги изведат пред народот. А кога не ги најдоа, го изведоа Јасона и некои браќа пред градските началници и викаа дека оние што ја побуниле вселената дошле и тука; дека нив ги прибрал Јасон и дека сите тие постапуваат против заповедите на ќесарот, изјавувајќи оти има друг цар – Исус. И го возбудија народот и градските началници, кои го слушаа тоа. Но тие, откако зедоа препорака од Јасона и од другите, ги пуштија. А браќата веднаш преку ноќта ги упатија кон Берија, Павла и Сила, кои кога пристигнаа, отидоа во јудејската синагога. Овие беа поблагородни од солуњаните: тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го испитуваа Писмото, дали е тоа така. И мнозина од нив поверуваа – и почитувани жени Елинки, а и од мажите не малку. Но солунските Јудејци, штом узнаа дека Павле и таму го проповеда словото Божјо, дојдоа и таму за да го возбудуваат и возмутуваат народот. Тогаш браќата го испратија Павла да оди кон морето, а Сила и Тимотеј останаа таму. Оние, што го придружуваа Павла, го одведоа во Атина и, откако добија од него заповед за Сила и Тимотеја, за да дојдат и тие поскоро при него, си отидоа. И додека ги чекаше нив во Атина, Павле се возмутуваше во духот, гледајќи во градот, полн со идоли. И тој беседеше во синагогата со Јудејците и побожните, и секој ден на плоштадот со кого ќе се сретнеше. А некои епикурејски и стоички филозофи почнаа да се препираат со него; едни велеа: »Што сака да каже овој празнословец?«, а други: »Се гледа, тој проповеда туѓи божества«, зашто им благовестеше за Исуса и за воскресението. И зедоа, та го одведоа во ареопагот, велејќи: »Ќе можеме ли да знаеме какво е тоа учење, што го проповедаш? Оти нешто непознато внесуваш во ушите наши. Затоа сакаме да знаеме што е тоа.« А, пак, сите атињани, како и туѓинците, кои живееја при нив, во ништо друго не сакаа да го поминуваат времето освен во тоа – да зборуваат или да слушаат за нешто ново. Тогаш Павле застана среде ареопагот и рече: »Луѓе атињани, по сѐ гледам дека сте побожни. Зашто, кога минував и ги разгледував светилиштата ваши, најдов и жртвеник, на кој беше напишано: ‚На непознатиот Бог.‘ За Него, пак, Кого вие не Го знаете, а Кого Го почитувате, за Него јас ви проповедам. Бог, Кој го создаде светов и сѐ, што е во него; Он, бидејќи Господ на небото и на земјата, не живее во ракотворни храмови, ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Сам на сите им дава живот, дишење и сѐ. Од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивното постоење, за да Го бараат Господа, та не би ли некако Го усетиле и нашле, иако Он не е далеку од секого меѓу нас; оти ние преку Него живееме, и се движиме, и постоиме, како што рекле и некои од вашите стихотворци: ‚Негов сме род.‘ И така, бидејќи род Божји сме, не треба да мислиме дека Божеството прилега на злато, или сребро, или камена творба што излегла од човечки ум и измислица. Бог, пак, откако ги презре времињата на незнаењето, сега редум им заповеда на сите луѓе да се покајат, зашто определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите.« Кога чуја за воскресението од мртвите, едни се насмеаја, а други рекоа: »Другпат сакаме да послушаме за тоа.« И тогаш Павле си отиде од нив. А некои луѓе се присоединија кон него и поверуваа. Меѓу нив беше Дионисиј Ареопагит и една жена, по име Дамара, и други со нив. Потоа Павле ја напушти Атина и дојде во Коринт; и, откако најде еден Јудеец, по име Акила, родум од Понт, кој наскоро дошол од Италија со жена си Прискила, оти Клаудиј беше заповедал да го напуштат Рим сите Јудејци – дојде при нив; и бидејќи го имаше истиот занает, остана при нив и работеше, а занаетот им беше да прават шатори. И секоја сабота тој зборуваше во синагогата и ги убедуваше Јудејците и Елините. А кога Сила и Тимотеј слегнаа од Македонија, Павле беше подбудуван во својот дух да сведочи пред Јудејците дека Исус е Христос. Но, бидејќи тие се противеа и хулеа, тој ги истресе алиштата и им рече: »Крвта ваша – на главите ваши! Јас сум чист. Отсега одам при незнабошците.« И штом се дигна оттаму, дојде при некој си човек по име Јуст, кој го почитуваше Бога, и чија куќа беше до синагогата. А Крисп, началник на синагогата, поверува во Господа со целиот свој дом; и мнозина коринтјани, слушајќи го Павла, поверуваа и се покрстија. И му рече Господ на Павла во видение ноќе: »Не бој се, туку зборувај и не замолкнувај, зашто Јас сум со тебе, и никој не ќе посегне да ти направи зло; бидејќи имам многу народ во овој град.« Тој остана таму една година и шест месеци и ги поучуваше во словото Божјо. А кога Галион беше проконсул во Ахаја, Јудејците еднодушно го нападнаа Павла и го одведоа в суд, велејќи: дека тој ги учи луѓето да Го почитуваат Бога не според Законот. И кога Павле сакаше да одговори, Галион им рече на Јудејците: »Јудејци, ако имаше некоја неправда или зло дело, лукаво, веднаш ќе ве ислушав по должност; но, штом е препирката за учење и за имиња, и за вашиот Закон, разгледајте сами, зашто јас не сакам да бидам судија во тие работи.« И ги истера од судот. Тогаш сите Елини го фатија Состена, началникот на синагогата, и го биеја пред судот, а Галион и не обрнуваше внимание на тоа. Откако помина таму уште доста денови, Павле се прости со браќата и отплови за Сирија заедно со Акила и Прискила, откако ја острига главата во Кенхреја, бидејќи беше дал завет. Кога стигна во Ефес, ги остави нив таму, а сам тој влезе во синагогата и спореше со Јудејците. А кога тие го замолија да остане при нив подолго време, тој не се согласи, туку се прости со нив и рече: »Бездруго празникот што иде треба да го поминам во Ерусалим; и ако Бог сака, пак ќе се вратам при вас.« Кога слезе во Ќесарија, отиде во Ерусалим, ја поздрави црквата и потоа отиде во Антиохија. Откако престоја таму некое време, излезе и го обиколуваше по ред крајот Галатиски и Фригија и ги утврдуваше сите ученици. И дојде во Ефес некој си Јудеец, по име Аполос, родум од Александрија, човек красноречив и силен во Писмата. Тој беше упатен во патот Господов и, распален во духот, зборуваше и поучуваше правилно за Господа, иако знаеше само за Јовановото крштавање. Тој почна да зборува смело во синагогата. Кога го чуја Акила и Прискила, го прибраа и му го објаснија патот Господов поточно. А кога тој сакаше да замине за Ахаја, браќата се обрнаа со писмо до тамошните ученици, за да го примат; и тој, кога стигна таму, многу им помогна на верниците преку благодатта, бидејќи силно ги изобличуваше Јудејците пред целиот народ, докажувајќи преку Писмата дека Исус е Христос. Во она време, додека Аполос беше во Коринт, Павле минуваше низ горните земји, па дојде во Ефес и, откако таму најде некои ученици, им рече: »Кога поверувавте, примивте ли Дух Свети?« А тие му одговорија: »Ние не сме ни чуле дека има Дух Свети.« Тој им рече: »А во што се крстивте?« Тие одговорија: »Во Јовановото крштавање.« Павле рече: »Јован крштаваше со покајно крштавање, велејќи му на народот да верува во Оној, Кој иде по него, односно во Исуса Христа.« А кога го чуја тоа, тие се крстија во името на Господа Исуса. И кога Павле ги положи рацете над нив, слезе Духот Свети на нив, и тие почнаа да зборуваат на разни јазици и да пророкуваат. А вкупно беа околу дванаесет души. И кога влезе во синагогата, Павле проповедаше без страв и преку три месеци ги уверуваше за царството Божјо. Но, бидејќи некои се ожесточуваа беа многу упорни во лошото зборување за патот Господов пред народот, тој, откако ги остави, ги одвои учениците и секојдневно проповедаше во училиштето на некој си Тиран. Тоа траеше цели две години, така што сите жители на Азија, како Јудејците, така и Елините, го чуја словото за Господа Исуса. А Бог правеше не мали чудеса преку рацете Павлови, така што донесуваа и полагаа крпи и убруси врз болните од неговата испотена снага, и болестите ги напуштаа, злите духови излегуваа од нив. Некои, пак, од Јудејците скитници заколнувачи почнаа да го изговараат името на Господа Исуса над оние, кои имаа зли духови, и велеа: »Ве заколнуваме во Исуса, Кого Го проповеда Павле!« Тоа го правеа седумте синови на јудејскиот првосвештеник Скева. А лошиот дух одговори и рече: »Исуса Го познавам и Павла го знам; но кои сте вие?« И скокна на нив човекот, во кого имаше лош дух, и, откако ги совлада, покажа против нив таква сила, што тие, голи и ранети, побегнаа од таа куќа. За тоа разбраа сите Јудејци и Елини, кои живееја во Ефес, и сите нив ги спопадна страв; и името на Господа Исуса се величаше. И многумина од верниците доаѓаа, та се исповедуваа и ги откриваа своите дела. А мнозина од оние, кои правеа магии, собирајќи ги книгите свои, ги гореа пред сите; дури ја пресметаа и нивната цена и најдоа дека чинат до педесет илјади сребреници. Така моќно растеше и се засилуваше словото Господово. А кога се сврши тоа, Павле науми, откако ќе ја мине Македонија и Ахаја, да отиде во Ерусалим, па рече: »Штом ќе бидам таму, ќе треба да го видам и Рим.« И прати во Македонија двајца од оние, кои му служеа – Тимотеја и Ераста, а сам остана извесно време во Азија. Во тоа време настана голем смут за патот Господов: некој си златар, по име Димитриј, кој правеше сребрени храмови за Артемида и на занаетчиите им донесуваше со тоа не мала печалба, откако ги собра нив, а и други занаетчии на такви работи, рече: »Другари, познато ви е дека од таа работа зависи нашиот добар помин; а, пак, гледате и слушате дека не само во Ефес, туку скоро во цела Азија, тој Павле убеди и обрна доста народ, велејќи дека не се богови оние што се прават со човечки раце. Затоа постои опасност не само нашиот занает да биде презрен, туку и храмот на великата божица Артемида да се смета за ништо, и нејзиното величие да загине, која ја почитува цела Азија и вселената.« Кога го чуја тоа, се исполнија со јарост, почнаа да извикуваат велејќи: »Велика е Артемида Ефеска!« И целиот град се побуни; па како ги грабнаа Гаја и Аристарха, Македонци, Павлови придружници, еднодушно се втурнаа на нив. А кога Павле сакаше да влезе меѓу народот, учениците не го пуштија. Исто така и некои од азиските началници, бидејќи му беа пријатели, испратија при него и го молеа да не се појавува на собиралиштето. И така, едни крескаа, други друго правеа; зашто во собранието владееше безредие, и повеќето од нив не знаеја за што се беше собрал народот. По предлог на Јудејците беше извикан меѓу народот Александар. Александар даде знак со рака и сакаше да каже заштитен збор пред народот. Но кога узнаа дека е Јудеец, сите извикаа во еден глас и крескаа околу два часа: »Велика е Артемида Ефеска!« А градскиот писар, кога го смири народот, рече: »Луѓе ефесци, кој човек не знае дека градот Ефес е служител на великата божица Артемида и нејзиниот паднат идол од Зевса? Штом е тоа, пак, беспорно, вие треба да бидете мирни и да не правите ништо непромислено. А вие сте ги довеле овие луѓе, кои ниту храмот на Артемида го обрале, ниту, пак, божицата ваша ја хулат. Ако, пак, Димитриј и занаетчиите, што се со него, имаат нешто против некого, за тоа постојат судски собори, а има и проконсули: нека се тужат едни со други. Ако, пак, нешто друго барате, тоа ќе биде решено во законското собрание. Оти постои опасност да бидеме обвинети за бунт поради денешнава работа, бидејќи нема никаква причина, со која можеме да го оправдаме ова собрание.« Штом го рече тоа, собранието го распушти. Кога стивна вревата, Павле ги повика учениците и, откако им даде упатства, се прости со нив и излезе за да тргне кон Македонија. А кога ги мина оние места и им даде многу упатства на верните, тој пристигна во Елада; таму престоја три месеци. И бидејќи Јудејците направија заговор против него, кога сакаше да отплови за Сирија, тој реши да се врати преку Македонија. До Азија го придружуваше Сосипатр Пиров, беранец, а од солуњаните Аристарх и Секунд, Гај од Дервија и Тимотеј, и азијците Тихик и Трофим. Тие отидоа порано и нѐ чекаа во Троада. А ние отпловивме од Филипи по дните на Бесквасници и за пет дена пристигнавме во Троада при нив, каде што поминавме осум дена. И во првиот ден на седмицата, кога се беа собрале учениците за да прекршат леб, Павле, бидејќи на другиот ден сакаше да тргне, беседеше со нив и го продолжи словото до полноќ. Во горната одаја, каде што се бевме собрале, имаше доста свеќи. А едно момче, по име Евтих, седеше на еден прозорец, и, совладано од длабок сон, додека Павле зборуваше многу, се помрдна во сонот и падна од третиот кат, и го подигнаа мртво. Павле, пак, штом слезе, се спушти врз него, го прегрна и рече: »Не правете смут, зашто душата негова уште е во него!« А потоа, откако се качи горе, прекрши леб, вкуси и зборуваше долго, дури до зори, а потоа отпатува. Тогаш го доведоа момчето живо и не малку се утешија. Ние отидовме порано со кораб и отпловивме во Асос, каде што сакавме да го земеме Павла, бидејќи тој намераваше да оди сам пешки, така ни беше порачал. И кога се сретна со нас во Асос, го зедовме и дојдовме во Митилина. А кога отпловивме оттаму, на вториот ден застанавме спроти Хиос, а следниот ден стигнавме во Самос, и, откако престојавме во Трогилија, на вториот ден дојдовме во Милит. Во оние дни Павле реши да помине покрај Ефес, та да не се задржи многу во Азија, зашто брзаше, ако му биде можно во Ерусалим да се најде за денот на Педесетница. Но од Милит прати во Ефес покани до свештениците црковни. И кога дојдоа при него, тој им рече: »Вие знаете дека од првиот ден, кога стапив во Азија, постојано бев со вас, служејќи Му на Господа со голема смиреност и многу солзи и меѓу искушенија, што ми идеа од лошите замисли на Јудејците; дека не пропуштив ништо полезно да не ви кажам и да не ве поучам пред народот и по куќите, проповедајќи им и на Јудејците и на Елините покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус Христос. И ете, сега, сврзан со Духот, одам во Ерусалим, не знаејќи што ќе ми стане таму, освен она, кое Духот Свети го посведочи по сите градови, велејќи дека ме чекаат окови и маки. Но јас не се грижам за ништо, ниту, пак, ми е мил животот, стига само со радост да ги завршам патот и службата, што ја примив од Господа Исуса, да го проповедам Евангелието на Божјата благодат. И сега, ете, јас знам дека нема веќе да го видите лицето мое сите вие, меѓу кои одев и го проповедав царството Божјо. Затоа во денешниов ден ви сведочам дека сум чист од крвта на сите, бидејќи не пропуштив да ви ја соопштам целокупната волја Божја. Пазете, пак, на себе и на целото стадо, меѓу кое Духот Свети ве постави за епископи, за да ја пасете црквата на Господа и Бога, која ја придоби Он со Својата крв. Бидејќи знам дека по моето заминување ќе се втурнат помеѓу вас лути волци, кои нема да го штедат стадото; а и од вас самите ќе станат луѓе, што ќе зборуваат изопачено, за да ги одвратуваат учениците заедно со себеси. Затоа бидете будни и помнете, дека цели три години дење и ноќе не престанував со солзи да поучувам секого од вас. А сега, браќа, ве предавам на Бога и на словото на Неговата благодат; Он може да ве унапреди подобро и да ви даде наследство меѓу сите осветени. Од никого не побарав ни сребро, ни злато, ниту, пак, облека; сами знаете, дека за потребите мои и на оние што беа со мене, ми послужија овие мои раце. Со сѐ ви покажав, дека така треба да се трудите и да им помагате на немоќните, а исто така и да ги помните зборовите на Господа Исуса, зашто Сам Он рече: ‚Поблажено е да се дава, отколку да се зема‘.« Кога го рече тоа, падна на колена и се помоли заедно со нив. Тогаш сите плачеа многу и, гушкајќи го Павла околу вратот, го целиваа, нажалени најмногу од зборот што рече дека нема веќе да го видат лицето негово. И го испратија до коработ. А кога одвај се одделивме од нив и отпловивме, стигнавме право во Кос, а на вториот ден во Родос, и оттаму во Патара; и како најдовме кораб, кој заминуваше за Финикија, се качивме и отпловивме. Откако го наѕревме Кипар и го оставивме одлево, пловевме кон Сирија и слегнавме во Тир, зашто таму требаше коработ да се растовари. И кога ги најдовме учениците, таму останавме седум дена. Тие, поттикнати од Духот, му велеа на Павла да не се качува во Ерусалим. А кога ги поминавме тие денови, излеговме и тргнавме, а сите нѐ испраќаа со жените и децата дури надвор од градот; на брегот, пак, паднавме на колена и се помоливме. И штом се простивме еден со друг, влеговме во коработ, а тие се вратија дома. А ние отидовме од Тир, стигнавме во Птолемаида, ги поздравивме браќата и при нив останавме еден ден. На вториот ден Павле и ние, кои бевме со него, излеговме и дојдовме во Ќесарија и, откако влеговме во куќата на Филипа благовесникот, кој беше еден од седуммината ѓакони, останавме при него. Тој имаше четири ќерки девојки, кои пророкуваа. И додека ние престојувавме кај нив многу дни, од Јудеја слезе еден пророк, по име Агав; и кога дојде при нас, го зеде Павловиот појас, па ги врза рацете свои и нозете и рече: »Тоа го вели Духот Свети; така ќе го врзат Јудејците во Ерусалим оној маж, чиј е овој појас, и ќе го предадат во рацете на незнабошците.« Штом го чувме тоа, и ние и тамошните го молевме да не се качува во Ерусалим. Но Павле одговори: »Што правите, та плачете и го нажалувате срцето мое? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господа Исуса.« А бидејќи тој не се двоумеше, ние замолкнавме и рековме: »Нека биде волјата Господова!« По тие дни се приготвивме и се искачивме во Ерусалим. Со нас дојдоа и некои ученици од Ќесарија, кои нѐ одведоа при некој си Мнасон, од Кипар, одамнешен ученик, при кого ќе гостуваме. Кога пристигнавме во Ерусалим, браќата нѐ примија со радост. На вториот ден Павле влезе со нас при Јакова; дојдоа и сите старешини. И откако ги поздрави, Павле им раскажа сѐ по ред што направил Бог меѓу незнабошците преку неговата служба. А тие, кога чуја, Го славеа Бога; и му рекоа: »Гледаш, брате, колку десетици илјади Јудејци поверуваа, и сите тие се ревносни на Законот. А за тебе многу им е зборувано дека ги учиш сите Јудејци, кои се меѓу незнабошците, да отстапуваат од Мојсеја, велејќи им да не ги обрезуваат чедата свои, ниту да постапуваат по обичаите. И така, што да се прави? Бездруго ќе дојде многу народ, зашто ќе чујат дека си дошол. Направи, пак, што ти велиме: при нас има четворица мажи, кои се ветени. Земи ги, очисти се со нив и плати им да си ги истрижат главите, и сите да разберат дека она што го чуле за тебе, не е ништо, туку дека и ти сам живееш според Законот и го пазиш. А за незнабошците што поверуваа ние пишавме, откако решивме, да не пазат ништо такво, туку само да се воздржуваат од идолски жртви, од крв, од удавено и од блудство.« Тогаш Павле ги зеде тие луѓе, и, откако се очисти со нив, на вториот ден влезе во храмот и го објави денот, во кој се навршуваат деновите на очистувањето и во кој ќе се принесе жртва за секого од нив. А кога требаше да се свршат седумте дена, азиските Јудејци, штом го видоа во храмот, го побунија целиот народ и кладоа раце на него, викајќи: »Луѓе Израилци, помогнете! Овој човек насекаде учи против народот, против Законот, против ова место; а освен тоа уште и Елини воведе во храмот, та го оскверни ова свето место.« Оти пред тоа во градот го беа виделе него со ефесеецот Трофим и мислеа дека Павле го вовел во храмот. Целиот град се раздвижи, и народот се насобра. И кога го фатија Павла, го извлекоа надвор од храмот; и веднаш вратата беше затворена. И кога сакаа да го убијат, пристигна вест до заповедникот на полкот дека цел Ерусалим се побунил. А тој веднаш зеде војници и офицери и се спушти спрема нив; тие, кога го видоа заповедникот и војниците, престанаа да го бијат Павла; тогаш заповедникот се приближи, го фати и заповеда да го врзат со двојни вериги, па праша: кој е тој и што направил? Од народот едни викаа едно, други – друго. А тој, не можејќи да ја узнае вистината поради крескањето, заповеда да го одведат во тврдината. А кога стигнаа до скалите, војниците требаше да го носат, поради насилието од народот; бидејќи многу народ врвеше по нив и викаше: »Премавни го!« Кога сакаа да го воведат во тврдината, Павле му рече на трибунот: »Можам ли да ти кажам нешто?« А тој рече: »Знаеш ли грчки? Не си ли ти оној Египтјанин, кој пред неколку дни побуни и изведе во пустина четири илјади мажи разбојници?« А Павле одговори: »Јас сум Јудеец од Тарс, граѓанин на тој не непознат град; те молам, позволи да му прозборувам на народот.« А кога тоа му се допушти, Павле застана на стапалата, му мавна со рака на народот, и, откако настана длабока тишина, почна да зборува на еврејски и рече: Мажи, браќа и отци! Чујте го сега моето оправдание пред вас. А кога чуја дека им зборува на еврејски јазик, уште повеќе замолкнаа. Тогаш тој рече: »Јас сум човек Јудеец, родум од Тарс Киликиски, но воспитан во овој град при нозете Гамалиилови, изучен точно според Законот на татковците и исполнет со ревност кон Бога, како што сте и вие сите денес. До смрт ги гонев јас следбениците на тоа учење, врзувајќи и предавајќи во затвор и мажи и жени, како што сведочат за мене првосвештеникот и сите старешини, од кои, откако бев земал и писма до браќата, одев во Дамаск да ги доведам во Ерусалим врзани и тамошните, за да бидат казнети. Но, кога бев на пат и наближив до Дамаск, околу пладне, одеднаш од небото ме огреа силна светлина. Јас паднав наземи и чув глас, кој ми зборуваше: ‚Савле, Савле, зошто Ме гониш?‘ Јас, пак, одговорив: ‚Кој си ти, Господи?‘ А Он ми рече: ‚Јас сум Исус Назареецот, Кого Го гониш ти.‘ Оние, кои беа со мене, ја видоа светлината и се уплашија; но гласот на Оној, Кој ми зборуваше, не го чуја. Тогаш реков: ‚Што да правам, Господи?‘ А Господ ми рече: ‚Стани и оди во Дамаск, и таму ќе ти биде речено сѐ, што ти е наредено да правиш.‘ И бидејќи од болскотот на таа светлина не можев да гледам, ме поведоа за рака оние, кои беа со мене, и така ме одведоа во Дамаск. А некој си Ананиј, маж благочестив според Законот, со добро име меѓу сите Јудејци во Дамаск, дојде при мене, застана и ми рече: ‚Брате Савле, прогледај!‘ И јас во тој миг прогледав и погледав кон него. А тој ми рече: ‚Бог на нашите татковци те определил да ја познаеш Неговата волја, да Го видиш Праведникот и да чуеш глас од устата Негова, зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она, што си видел и чул. И сега, што се чека? Стани, крсти се и очисти ги гревовите свои, призовувајќи го името на Господа Исуса.‘ А кога се вратив во Ерусалим и се молев во храмот, се занесов и Го видов како ми вели: ‚Побрзај, та излези од Ерусалим поскоро, зашто нема да го примаат твоето сведоштво за Мене!‘ Јас, пак, одговорив: ‚Господи, тие знаат дека јас ги затворав и биев по синагогите оние, кои веруваа во Тебе; и кога се проливаше крвта на Стефана, Твојот сведок, таму стоев и јас и го одобрував неговото убиство, пазејќи ги алиштата на оние што го убиваа.‘ И ми рече: ‚Оди! Јас те праќам далеку – при незнабошците.‘« До тој збор го слушаа, но потоа го издигнаа гласот свој и викаа: »Премавни го од земјата таков! Тој не треба да живее!« И бидејќи тие крескаа, мавтаа со алиштата свои, та креваа прав во воздухот, заповедникот нареди да го водат во тврдината и порача да го испитуваат со бичување, за да узнае поради која причина викаат против него така. Но, кога го притегнаа со ремења да го бичуваат, Павле му рече на стотникот, кој стоеше таму: »Зар ви е позволено да бичувате римски граѓанин, и тоа неосуден?« Кога го чу тоа стотникот, отиде па му кажа на заповедникот и рече: »Гледај, што правиш, зашто овој човек е римски граѓанин.« Тогаш заповедникот се приближи до него и рече: »Кажи ми, римски граѓанин ли си ти?« Тој одговори: »Да.« А заповедникот рече: »Тоа граѓанство јас сум го придобил за многу големи пари.« Павле пак рече: »А јас сум се и родил како таков.« И веднаш отстапија од него оние, кои сакаа да го испитуваат. А и заповедникот, кога узна дека е тој римски граѓанин, се уплаши оти го беше врзал. На вториот ден, кога сакаше да узнае во што всушност го обвинуваат Јудејците, го ослободи од оковите и заповеда да дојдат првосвештениците и целиот нивни Синедрион, па го доведе долу Павла и го исправи пред нив. Павле го впери својот поглед кој Синедрионот и рече: »Луѓе, браќа! До оној ден со најдобра совест пред Бога живеев!« А првосвештеникот Ананиј на оние, што стоеја пред него, им заповеда да го удрат по устата. Тогаш Павле му рече: »Бог тебе ќе те удри, ѕиду варосан! Ти седиш, за да ме осудиш според Законот, а заповедаш да ме бијат против Законот.« А оние што стоеја пред него, рекоа: »Божјиот првосвештеник ли го хулиш?« Павле одговори: »Не знаев, браќа, дека тој е првосвештеник; бидејќи е напишано: ‚Началникот на твојот народ да не го злословуваш‘.« А кога узна Павле дека еден дел од нив се садукеи, а другиот – фарисеи, извика во Синедрионот: »Луѓе, браќа! Јас сум фарисеј, син на фарисеј; за надеж, и за воскресение на мртвите ме судат!« Кога го кажа тоа, настана расправија меѓу фарисеите и садукеите, и мнозина од народот се раздвоија. Зашто садукеите велат дека нема ни воскресение, ни ангел, ни дух; а фарисеите го признаваа и едното и другото. Настана голема врева; и станаа книжниците од фарисејската страна и почнаа да се препираат, велејќи: »Ништо лошо не наоѓаме во овој човек; ако, пак, нему му зборувал дух или ангел, тогаш да не му се противиме на Бога.« И бидејќи стана голем смут, заповедникот, уплашен да не би Павла да го раскинат, им заповеда на војниците да слегнат и да го грабнат од помеѓу нив и да го одведат во тврдината. Ноќта му се јави Господ и му рече: »Не плаши се, Павле! И како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така ќе треба да сведочиш и во Рим.« А кога се осамна, некои од Јудејците се договорија, зедоа клетва и си рекоа да не јадат, ниту да пијат додека не го убијат Павла. Тие, што зедоа таква клетва, беа повеќе од четириесет души. Па отидоа при првосвештениците и старешините и рекоа: »Клетва си кладовме ништо да не каснеме додека не го убиеме Павла. Затоа вие од Синедрионот соопштете му сега на заповедникот утре да го доведе долу пред нас, ѓоа ќе сакате поточно да го разгледате неговото дело; а ние, пред да наближи, ќе бидеме готови да го убиеме.« Кога чу за таа заседа Павловиот сестрин син, отиде, влезе во тврдината и му кажа на Павла. А Павле повика еден стотник и му рече: »Одведи го ова момче при заповедникот, зашто има нешто да му каже.« И тој го зеде, го одведе при заповедникот и рече: »Затвореникот Павле ме повика и замоли ова момче да го доведам при тебе, зашто имало нешто да ти каже.« Заповедникот го фати за рака, застана со него на страна и го праша: »Што има да ми кажеш?« А тоа рече: »Јудејците се договорија да те молат утре да го одведеш Павла долу пред Синедрионот, ѓоа ќе сакаат поточно да го испитуваат нешто во врска со неговото дело. Но ти не им верувај, бидејќи ќе го чекаат четириесет, а и повеќе души од нив, што се заколнале да не јадат, ниту да пијат, сѐ додека не го убијат; и сега се веќе готови, чекаат само да им ветиш.« Тогаш заповедникот го испрати момчето, откако му порача: »Никому не кажувај оти си ми го кажал ова!« Потоа повика двајца стотници и рече: »Пригответе ми двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Ќесарија во третиот час ноќеска; и пригответе добици, за да го качат Павла и да го одведат до намесникот Феликс!« Напиша и писмо со оваа содржина: Клаудиј Лисиј испраќа поздрав до многупочитуваниот намесник Феликс. Овој човек беа го фатиле Јудејците и сакаа да го убијат; јас се јавив со војска и го одзедов, бидејќи разбрав дека е римски граѓанин. И сакајќи да ја узнаам причината, поради која го обвинуваат, го изведов пред нивниот Синедрион, и дознав дека го обвинуваат по прашања од нивниот Закон, но дека нема никаква вина, поради која би заслужувал смрт или окови. И бидејќи ми беше соопштено дека Јудејците намислиле лошо против тој човек, јас го пратив веднаш при тебе, откако им порачав и на обвинителите да кажат пред тебе што имаат против него. Биди здрав! И така, војниците, онака како им беше повелано, го зедоа Павла и го одведоа ноќе во Антипатрида. А на вториот ден се вратија во станот, откако ги оставија коњаниците да одат со него. Оние што влегоа во Ќесарија и му го предадоа писмото на намесникот, му го претставија и Павла. Намесникот го прочита писмото и праша од кој крај е тој, и откако разбра дека е од Киликија, рече: Ќе те ислушам, кога ќе дојдат и твоите обвинители. И заповеда да го држат под стража во дворот Иродов. По пет дена слегна првосвештеникот Ананија со старешините и со некој си ретор Тертил; излегоа пред намесникот, обвинувајќи го Павла. А кога го повикаа Павла, Тертил почна да го обвинува, велејќи: Секогаш и насекаде со голема благодарност признаваме дека преку тебе, многупочитувани Феликсе, кај нас има полн мир, а преку грижите твои – на овој народ му се дели вистинска правда. Но, за да не ти одземам многу време, те молам да нѐ ислушаш накратко со твојата кроткост. Бидејќи најдовме дека овој човек е зараза и дека крева бунтови против сите Јудејци по вселената и дека е водач на назарејската ерес, кој се обиде дури и храмот да го оскверни, затоа ние го фативме и сакавме да му судиме според нашиот Закон; но заповедникот Лисиј дојде и со голема сила го истргна од рацете наши, и го испрати при тебе, откако заповеда и ние, неговите обвинители, да дојдеме при тебе. Ти ќе можеш сам да го испиташ и од него да узнаеш во што го обвинуваме ние. А и Јудејците потврдуваа дека е така. Намесникот му даде знак на Павла да зборува, а тој одговори: »Бидејќи знам дека од многу години си му судија на овој народ, тоа со послободно срце ќе зборувам во моја заштита. Ти можеш да дознаеш дека нема повеќе од дванаесет дена откако се искачив во Ерусалим на поклонение. И ни во храмот ме најдоа некому да зборувам, или бунт да кревам меѓу народот, ни по зборниците, ниту, пак, во градот. Ниту, пак, тие можат да го докажат она што сега ти зборуваат за мене. Но ти признавам, дека според учењето, кое тие го наречуваат ерес, Му служам на Бога и на отците наши, дека верувам во сѐ што е напишано во Законот и во Пророците, и дека се надевам на Бога, оти ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните, кое и тие сами го очекуваат. А за тоа и сам се грижам секогаш да имам чиста совест пред Бога и пред луѓето. По многу години дојдов да му донесам на мојот народ милостина и приноси. Тогаш, кога се бев очистил, ме најдоа во храмот, ни со народ, ниту со шум, некои азиски Јудејци, кои требаше да се претстават пред тебе и да ме обвинат, ако имаат нешто против мене. Или, пак, тие сами да кажат дали во мене нашле некаква неправда, кога се бев јавил пред Синедрионот, – освен само овие зборови, кои, застанат пред нив, гласно ги изговорив: ‚Заради воскресението на мртвите ме судите вие денес.‘« Кога го чу тоа Феликс, тој го одложи делото, бидејќи добро знаеше за тоа учење, и рече: »Ќе го разгледам делото кога ќе дојде заповедникот Лисиј.« И му заповеда на стотникот да го пази Павла, но полабаво, и да не запира никого од неговите блиски да му служат, или да доаѓаат при него. По неколку дни дојде Феликс со жената своја Друзила која беше Јудејка, та го повика Павла и слушаше од него за верата во Христа Исуса. А кога Павле зборуваше за правда, за воздржување и за идниот суд, Феликс се уплаши и одговори: »Сега оди си, а кога ќе најдам време, ќе те повикам.« При ова се надеваше дека Павле ќе му даде пари за да го пушти; затоа често го повикуваше и разговараше со него. Но кога изминаа две години, Феликса го замени Порциј Фест. И бидејќи сакаше да им угоди на Јудејците, Феликс го остави Павла во окови. А Фест, откако по три дена прими власт, излезе од Ќесарија и дојде во Ерусалим. Тогаш првосвештеникот и старешините јудејски му се пожалија против Павла, и го молеа, барајќи милост за себе против него, да го прати во Ерусалим; и редеа заседа за да го убијат патем. Но Фест одговори дека Павле се чува под стража во Ќесарија, а и дека тој сам скоро ќе отпатува таму. Кои, пак, од вас можат, нека дојдат со мене, и ако има некаква вина на овој човек, тогаш нека го обвинат. И откако беше кај нив, не повеќе од десет дена, слезе во Ќесарија, и утредента седна на судискиот стол и заповеда да го доведат Павла. А кога го доведоа, Јудејците што беа дошле од Ерусалим, застанаа наоколу, и многу и тешки вини изнесуваа против Павла, кои не можеа да ги докажат. А тој, бранејќи се, рече: »Со ништо не се огрешив ни против Законот јудејски, ни против црквата, ниту, пак, против ќесарот.« Но Фест, сакајќи да им угоди на Јудејците, му одговори на Павла и рече: »Сакаш ли да одиш горе во Ерусалим и таму да ти се суди за тоа од мене?« А Павле одговори: »Стојам пред ќесаревиот суд, каде што и треба да бидам суден. Јудејците не сум ги навредил со ништо, како што и ти тоа многу добро го знаеш. Оти, ако сум виновен и сум направил нешто што заслужува смрт, јас не се откажувам да умрам; но, ако од сето тоа нема ништо, во што ме обвинуваат тие, тогаш никој не може да ме предаде на нив. Ќесарев суд сакам.« Тогаш Фест, откако се посоветува со свештениците, одговори: »Кај ќесарот, – рече, – сакаш да појдеш – кај ќесарот ќе појдеш.« А откако минаа неколку дена, царот Агрипа и Верникиј слегна во Ќесарија за да го поздрават Феста. И бидејќи таму останаа повеќе денови, Фест му рече на царот за Павла, велејќи: »Еден човек остави Феликс во затворот. Кога бев во Ерусалим, за него излегоа првосвештениците и старешините јудејски и ме молеа да го осудам. Јас им одговорив дека кај Римјаните не е вообичаено човек да се осудува на смрт пред обвинетиот да се соочи со обвинителите и му се позволи да се брани од обвинувањето. И кога се собраа овде, на другиот ден, без никакво одлагање јас седнав на судискиот стол и заповедав да го доведат човекот; и кога застанаа околу него обвинителите, не изнесоа никаква вина против него, како што претполагав; туку против него имаа некакви препирки по прашањето за нивното суеверје и за некој си Исус, Кој умрел и за Кого Павле вели дека е жив. А јас, не знаејќи што да правам со овој, му реков: сака ли тој да оди во Ерусалим и таму да биде суден за тоа? Но, бидејќи Павле посака да биде оставен за Августовото судење, заповедав да го држат под стража, додека го пратам при ќесарот.« Тогаш Агрипа му рече на Фест: »Би сакал и јас да го ислушам тој човек.« А тој одговори: »Утре ќе го ислушаш.« Утредента, кога Агрипа и Верникиј дојдоа со голем блесок и влегоа во судницата заедно со војводите и првите граѓани, по заповед на Фест, го доведоа Павла. И Фест рече: »Царе Агрипа и сите вие мажи, кои сте со нас овде! Го гледате овој, за кого целото мнозинство Јудејци дојдоа при мене, и во Ерусалим и овде, и викаа дека тој повеќе не треба да живее. Но јас, кога разбрав дека тој не направил ништо достојно за смрт, и бидејќи тој сам посака суд пред Августа, решив да го пратам при него. За него, пак, немав поправо што да му напишам на Господарот; затоа го изведов пред вас, и особено пред тебе, царе Агрипа, за да можам, откако ќе се сврши испитувањето, нешто да напишам. Оти, бесмислено е, ми се чини, да пратам затвореник, а вината негова да не ја соопштам.« Агрипа му рече на Павла: »Ти се позволува да зборуваш за себе.« Тогаш Павле ја пружи раката и почна да зборува во своја заштита: »Радосен сум, царе Агрипа, дека денес пред тебе ќе се заштитувам од сѐ, во што ме обвинуваат Јудејците, а најмногу, што ти ги познаваш јудејските обичаи и препирки; па затоа, те молам, да ме ислушаш милостиво. Мојот живот од младини, што го поминав најнапред меѓу својот народ во Ерусалим, познат им е на сите Јудејци; тие одамна ме знаат, – ако сакаат нека сведочат, – дека јас, како фарисеј, најстрого живеев по учењето на нашата вера; а сега стојам пред суд поради надежта во ветувањето дадено од Бога на татковците наши, кое нашите дванаесет колена се надеваат дека ќе го постигнат, служејќи му на Бога постојано дење и ноќе. За таа надеж, царе Агрипа, ме обвинуваат Јудејците. Што? Зарем вие мислите дека не може да се верува оти Бог воскреснува мртви? Навистина, така и јас мислев дека треба да извршам многу работи против името на Исуса Назареецот; така и направив во Ерусалим и, откако добив власт од првосвештениците, многу светии затворив, а кога ги убиваа, и јас одобрував, и често ги мачев по сите синагоги и ги принудував да хулат на Исуса и, разјарен, без мерка ги гонев нив дури и до туѓите градови. За таа цел одејќи во Дамаск, со власт и порака од првосвештениците, посред бел ден, царе, на патот видов светлина, посилна од сончевата светлина, која ме огреа од небото мене и оние, што одеа со мене. Сите паднавме на земја, и јас чув глас, што ми зборуваше на еврејски јазик: ‚Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко е за тебе да се риташ против бодило.‘ А јас реков: ‚Кој си Ти, Господи?‘ Он одговори: ‚Јас сум Исус, Кого Го гониш ти. Но стани и исправи се на нозете свои; затоа и ти се јавив, да те направам служител и сведок на ова што го виде и што ќе ти откријам, издвојувајќи те од овој народ и од незнабошците, при кои ќе те испратам сега, за да им ги отвориш очите нивни, та да се обрнат од темнината во светлина и од власта на сатаната кон Бога, па преку верата во Мене да примат опростување на гревовите и наследство меѓу осветените.‘ Затоа, царе Агрипа, јас не се воспротивив на небесното видение, но најнапред на жителите во Дамаск и Ерусалим, а потоа по целата Јудејска земја и на незнабошците им проповедав да се покајат и да се обрнат кон Бога, вршејќи дела достојни за покајание. Затоа ме фатија Јудејците во храмот и се обидоа да ме убијат. Но, откако добив помош од Бога, стојам до ден денес и им сведочам на мали и на големи, зборувајќи само за она, што беа го зборувале Пророците и Мојсеј, дека ќе стане: дека Христос ќе пострада и, откако прв ќе воскресне од мртвите, на народот и на незнабошците ќе им проповеда светлина.« А кога го зборуваше ова во одбрана, Фест извика со висок глас: »Си полудел ли, Павле! Многубројните книги те довеле до лудило.« А тој одговори: »Не сум луд, уважени Фесте, туку кажувам зборови на вистината и со здрав разум. Тоа го знае и царот, пред кого и слободно зборувам; јас не верувам дека од сето ова нешто да му е непознато, зашто тоа не е вршено во некој агол.« Веруваш ли, царе Агрипа, во Пророците? Знам дека веруваш. Агрипа му одговори на Павла: »Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин.« А Павле рече: »Би Му се молел на Бога и за малку и за многу не само ти, да станете такви, каков што сум и јас – но без овие окови.« Кога го кажа тоа, царот и намесникот Верникиј и оние, што седеа со нив, станаа и, откако се повлекоа на страна, зборуваа помеѓу себе и велеа дека тој човек не прави ништо што заслужува смрт или окови. И Агрипа му рече на Фест: »Овој човек можеше да биде ослободен, ако не беше посакал суд пред ќесарот.« Затоа намесникот реши да го испрати пред ќесарот. Кога беше решено да отпловиме за Италија, Павла и неколку други затвореници ги предадоа на еден стотник, по име Јулиј, од Августовата чета. Се качивме на една адрамитска лаѓа и се оттиснавме, сакајќи да пловиме покрај азиските места. Со нас беше Аристарх, Македонец од Солун. На другиот ден стигнавме во Сидон. И Јулиј, постапувајќи со Павла човекољубиво, му позволи да отиде до пријателите свои, за да се погрижат за него. Кога тргнавме оттаму, минавме под Кипар, бидејќи ветровите беа спротивни, и, откако го препловивме морето покрај Киликија и Памфилија, слегнавме до Мира Ликиска. Таму стотникот најде една александриска лаѓа, која пловеше за Италија, и нѐ префрлија во неа. И пловејќи полека многу дни, одвај стигнавме спроти Крит, бидејќи ветрот ни пречеше, и препловивме под Крит покрај Салмона. И, откако со мака минавме покрај неа, стигнавме до едно место, наречено Добри Пристаништа, близу кое се наоѓаше градот Ласеја. Но, бидејќи беше минало доста време и пловењето стана веќе опасно, а и постот беше веќе минал, Павле посоветува и им рече: »Гледам, луѓе, дека пловењето ќе биде мачно и со голема штета не само за товарот на лаѓата, туку и за животите наши.« Но стотникот повеќе му веруваше на кормиларот и сопственикот на бродот отколку на зборовите Павлови. И бидејќи пристаништето не беше годно за презимување, многумина изјавија дека сакаат оттаму да отпловат, ако е можно, до Финик, критското пристаниште, кое се наоѓа спроти југозападниот и северозападниот ветар, и таму да презимуваат. А кога дувна југот, тие помислија дека желбата им се исполни, па тргнаа и пловеа покрај Крит. Но наскоро против нив се дигна бурниот ветар, наречен евроклидон. А кога лаѓата се оттргна, оти не можеше да му се противстави на ветрот, ние ја предадовме на таласите и тие нѐ носеа. И кога поминавме покрај едно островче, кое се вика Клавда, одвај можевме да го задржиме чунот, кој се извлече и врза на лаѓата одоздола; и бидејќи се плашевме да не удриме на песочен нанос, ги спуштивме едрата и така пловевме. На другиот ден, бидејќи бевме силно фрлани од бурата, почнаа да го исфрлуваат товарот, а на третиот ден, сами со рацете свои ги исфрливме корабните алати. Но, бидејќи во текот на многу дни не се виде ни сонце, ни ѕвезда, а и не мала бура имаше, понатаму исчезнуваше секаква надеж да се спасиме. И како долго време не беа јале, Павле застана среде нив и рече: »Луѓе, браќа, требаше да ме послушате и да не тргаме од Крит, и ќе ги избегневме овие маки и штети. А сега ви советувам да бидете бодри, оти ниедна душа од вас нема да загине, освен лаѓата. Бидејќи ноќеска ми се јави ангел од Бога, Чиј сум и Кому Му служам, и рече: ‚Не бој се, Павле, ти треба да излезеш пред ќесарот; и ете, Господ ти ги подари сите, што пловат со тебе.‘ Затоа, браќа, не плашете се, зашто Му верувам на Бога дека ќе стане така, како што ми беше речено. Ние ќе дојдеме до еден остров.« Кога настана четиринаесеттата ноќ, откако пловевме по Јадранското Море, кон полноќ морнарите помислија дека се приближуваат до некоја земја, и, откако ја измерија длабочината, најдоа дваесет фати; па отидоа малку потаму, измерија пак и најдоа петнаесет фати. И бидејќи се плашеа да не удрат на карпести места, од страната на кормилото спуштија четири ленгера, па чекаа да осамне. А кога морнарите намислија да побегнат од лаѓата, и спуштија чун во морето како да ќе спуштат ленгери од предната страна, Павле им рече на стотникот и на војниците: »Ако овие не останат на коработ, вие не можете да се спасите.« Тогаш војниците ги исекоа јажињата на чунот и го оставија да падне долу. И пред да осамне, Павле ги покани сите да каснат, велејќи: »Денес е четиринаесетти ден, откако во очекување стоите гладни, не вкусувајќи ништо. Затоа, ве молам, каснете: тоа ќе го запази животот ваш, зашто на ниеден од вас нема да му падне ни влакно од главата.« Како го рече тоа, зеде леб, Му благодари на Бога пред сите, прекрши и почна да јаде. Тогаш се ободрија сите и јадоа; а во лаѓата нѐ имаше нас вкупно двесте седумдесет и шест души. И кога се поткрепија, почнаа да ја олеснуваат лаѓата, исфрлувајќи го житото в море. Штом се раздени, земјата не ја познаа, но забележаа еден залив со песок, на кој решија, ако им појде од рака, да ја извлечат лаѓата. И дигајќи ги ленгерите, се заплови по морето; а покрај другото ги разлабавија и врските на кормилата, го развија малото едро спрема ветрецот што дуваше, та пловевме кон брегот. А кога дојдовме до еден гребен, носот на лаѓата се заби и веќе не се помрдна, а задниот дел од лаѓата се разбиваше од силата на таласите. Војниците, пак, помислија да ги убијат затворениците, та некој да не исплива и побегне. Но стотникот, сакајќи да го спаси Павла, ги задржа од таа намера и заповеда најнапред да искокаат и излезат на земја оние, што знаат да пливаат, а другите – кој на штица, кој на штогоде од лаѓата. И така излегоа сите живи на земја. Откако се спасија оние, што беа со Павла, узнаа дека островот се вика Мелит. А домородците ни укажаа необична човекољубивост: нѐ примија сите и, бидејќи врнеше дожд, беше студено, та накладоа оган. А кога Павле насобра многу гранки и ги стави на огнот, една змија излезе од гранките поради горештината и се впи во неговата рака. Домородците, штом го видоа животното како виси на неговата рака, помеѓу себе си рекоа: »Овој човек е навистина убиец; па затоа, иако се избави од морето, судот Божји не го остави да живее.« Но тој ја истресе змијата во огнот и ништо лошо не му стана. А тие очекуваа да се појави оток, или, пак, веднаш да падне мртов; но, откако чекаа долго време и видоа дека не му стана никакво зло, тие си го изменија мислењето и велеа, дека е тој бог. Околу тоа место се наоѓаа имотите на првенецот на островот, по име Поплиј. Тој нѐ прими и три дни дружељубиво нѐ гоштеваше. А таткото на Поплиј се разболе и лежеше, страдајќи од треска и болки во стомакот. Павле влезе при него, се помоли и, откако ги положи рацете свои врз него, го исцели. Тогаш, и другите од островот, што страдаа од болести, идеа и се исцелуваа. Тие нѐ почитуваа многу и нѐ удостоија со големи почести, а пред заминување нѐ снабдија со сите потребни работи. По три месеци отпловивме со еден александриски кораб, што беше презимувал на тој остров и носеше знак Диоскури. И стигнавме во Сиракуза, каде што останавме три дена. Оттаму отпловивме и пристигнавме во Ригија; а по еден ден, бидејќи дувна југот, на идниот ден стасавме во Потиоли; таму најдовме браќа, по чија молба при нив останавме седум дена. И потоа тргнавме за Рим. Тамошните браќа, штом чуја за нас, излегоа да нѐ пресретнат до Апиевата ширина и до Трите крчми. Кога ги виде Павле, Му заблагодари на Бога и се ободри. Штом стигнавме во Рим, стотникот ги предаде затворениците на војводата, а на Павла му позволија да живее како што сака, но под стража на еден војник. По три дни Павле ги повика првенците јудејски и, кога се собраа, тој им зборуваше: »Мажи, браќа, иако не направив ништо против народот или татковските обичаи, од Ерусалим ме предадоа окован во рацете на Римјаните. И, откако ми судеа, сакаа да ме пуштат, зашто во мене не најдоа никаква вина за смрт; но, бидејќи Јудејците се противеа, бев принуден да барам суд пред ќесарот; но не за тоа да го обвинувам во нешто својот народ. Па поради тоа и ве повикав да се видиме и да позборуваме; зашто заради надежта на Израилот сум окован во овие вериги.« А тие му одговорија: »Ние ниту писма сме добиле за тебе од Јудеја, ниту, пак, некој од браќата дошол да нѐ извести или нешто лошо да каже за тебе. Но ние сакаме да чуеме од тебе лично што мислиш ти за тоа; зашто познато ни е дека на тоа учење насекаде се противречи.« И откако му определија ден, големо мнозинство дојде во определеното му живеалиште, и тој од утрото до вечерта со докази им го изложуваше учењето за царството Божјо и ги уверуваше за Исуса и од Законот Мојсеев и од Пророците. Едни се убедија од зборовите негови, а други не поверува. Бидејќи беа несложни помеѓу себе, тие почнаа да се разотидуваат; и во тоа време Павле им ги кажа овие зборови: »Добро им рекол Духот Свети и на отците наши преку пророкот Исаија, велејќи: ‚Оди и кажи му на овој народ: со уши ќе чуете, и нема да разберете, со очи ќе гледате, и нема да видите, зашто срцето на овие луѓе закоравело, та со ушите мачно слушаат, а очите свои ги затвориле, па некако со очите да не видат и со ушите да не чујат, и со срцето да не разберат, и да не се обрнат, за да ги исцелам.‘ И така, нека ви биде познато дека спасението од Бога им е испратено на незнабошците, тие и ќе чујат.« Кога го рече тоа, Јудејците се разотидоа со голема препирка помеѓу себеси. Павле остана таму цели две години во посебно најмена куќа и ги примаше сите, што доаѓаа при него, проповедајќи го царството Божјо и учејќи за Господа Исуса Христа наполно слободно, и никој во тоа не го спречуваше. Павле, слуга на Исуса Христа, повикан за апостол, избран за Благовестието Божјо, кое Он уште порано го беше ветил преку светите пророци, во светите Писма, за Својот Син, по тело роден од семето Давидово, посведочен како Син Божји во силата по Духот на осветувањето, преку воскресението од мртвите на Исуса Христа, нашиот Господ, преку Кого добивме благодат и апостолство за послушност кон верата на сите народи во Негово име, меѓу кои сте и вие, повиканите од Исуса Христа, благодат и мир од Бога Отецот наш и Господа Исуса Христа на сите вас, што сте во Рим, возљубени од Бога, наречени светии. Пред сѐ, Му благодарам на својот Бог, благовестувајќи за сите вас, оти за вашата вера се зборува по целиот свет; Бог, Кому Му служам со својот дух, благовестувајќи за Неговиот Син, сведок ми е дека постојано си спомнувам за вас и секогаш во молитвите свои се молам, та со Божја волја некако да ми се даде да дојдам при вас, зашто копнеам да ве видам, па да ви предадам некој духовен дар за вашето зацврстување, односно, кога ќе бидам меѓу вас, заедно да се утешиме преку општата вера – вашата и мојата. Само не сакам, браќа, да ви биде непознато дека многупати бев на мисла да дојдам при вас, но бев попречуван дури досега, та да имам некој плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи. Задолжен сум кон Елините и варварите, кон мудрите и кон неразумните. Па, во колку од мене зависи, готов сум и вам во Рим да ви го проповедам Евангелието. Зашто јас не се срамувам од Евангелието на Христа, бидејќи тоа е сила Божја за спасението на секој што верува, прво на Јудеец, а потоа и на Елин. Бидејќи во него се открива правдата Божја од вера во вера, како што е напишано: »Праведникот преку вера ќе живее«. Оти гневот Божји се открива од небото на секоја нечесност и неправда на луѓето, кои вистината ја држат во неправда; така што она, кое може да се знае за Бога, ним им е познато, бидејќи Бог тоа им го откри. Оти она, што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божеството, се гледа уште од создавањето на светот, гледани според нивните созданија, па така тие немаат изговор. Зашто, кога Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту, пак, Му благодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи; наречувајќи се себе мудри, тие обезумија, и славата на вечниот Бог ја изменија во облик на смртен човек, на птици, на четвороножни животни и на лазачи, – затоа и Бог, според желбите на срцата нивни, ги предаде на нечистотата, за да се бесчестат телата нивни во самите себе. Тие ја заменија вистината Божја со лага и му се поклонија и му служеа на созданието повеќе отколку на Создателот, Кој е благословен во сите векови. Амин! Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни; и мажите исто така; оставајќи го природното зближување со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи отплата каква што одговараше на нивната заблуда. И бидејќи не се обидоа да Го имаат Бога во разумот свој, тоа Бог ги предаде на изопачен ум – да го прават она, што не прилега; бидејќи исполнети со секаква неправда, блудство, лукавство, користољубивост, злоба; полни со завист, убиства, расправии, измами, лоши нарави; оговарачи, клеветници, богомрасци, силеџии, фалбаџии, горди, измислувачи на зло, непослушни кон родителите, неразумни, неверни, недружељубиви, непомирливи, немилостиви. Тие, иако ја знаеја правдата Божја дека оние, што вршат такви дела, заслужуваат смрт, сепак не само што ги вршат, туку се благонаклони и кон оние што ги вршат. И така, не можеш да се изговараш, о човеку, кој и да си ти, оти со каков суд судиш друг, со таков се осудуваш сам, бидејќи ти, кој судиш, го правиш истото. А знаеме дека Божјиот суд, навистина, паѓа врз оние, кои вршат такви работи. Зар мислиш, о човеку, дека ќе го избегнеш Божјиот суд ти, кој ги осудуваш оние, што прават такви работи, какви што правиш и сам? Или, пак, го презираш богатството на Божјата благост, кротост и долготрпеливост, не разбирајќи дека Божјата благост те води кон покајување? Но, според твојата упорност и непокајаното срце си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие праведниот суд од Бога, Кој секому ќе му даде според неговите дела: живот вечен на оние, кои со трпение во добрите дела бараат слава, чест и бесмртност; јарост, пак, и гнев на оние, што ѝ упорствуваат на вистината, а се покоруваат на неправдата. Мака и тага на секоја душа човечка, која прави зло, а најнапред на Јудеец, потоа и на Елин. Слава и чест и мир на секого, што прави добро, прво на Јудеец, а потоа и на Елин; зашто Бог не гледа на лице. Оние, што згрешиле без Закон, без Закон ќе загинат; а оние, што згрешиле при Закон, според Законот ќе бидат и судени, бидејќи пред Бога не се праведни оние, што го слушаат Законот, а ќе бидат оправдани само оние, што го исполнуваат Законот; зашто незнабошците, немајќи Закон, сами од себе вршат сѐ по законот; тогаш тие, иако немаат Закон, сами во себеси се закон; поради тоа што делото на Законот е напишано во нивните срца, та затоа се управуваат според Законот, бидејќи нивната совест им сведочи за тоа, и нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуваат во оној ден, кога, според моето благовестие, Бог преку Исуса Христа ќе ги суди тајните на луѓето. Ете, ти се наречуваш Јудеец, и се потпираш на Законот, и со Бога се фалиш, и ја знаеш волјата Негова, и повеќе разбираш што е подобро, оти се поучуваш од Законот, и уверен си дека си водач на слепци, а светлина на оние, што се во мрак; наставник на неразумни, учител на младежи, зашто образец на знаењето и вистината имаш во Законот. Но, како тоа учиш други, а себе не учиш? Ти, кој проповедаш да не се краде, а крадеш; кој велиш да не се врши прељуба, а прељубодејствуваш; ти, кој се гнасиш од идолите, а крадеш од храмот; ти, кој се фалиш со Законот, а престапувајќи го Законот, Го срамотиш ли Бога? Зашто поради вас името Божјо се хули меѓу незнабошците, како што е напишано. Обрезанието е навистина полезно, но ако го извршуваш Законот; ако, пак, правиш престапи против Законот, обрезанието твое станува необрезание. И така, ако необрезаниот ги пази наредбите на Законот, тоа тогаш необрезанието нема ли да му се смета како обрезание? И необрезаниот по тело, извршувајќи го Законот, нема ли да те осуди тебе, кој при Писмо и обрезание си престапник на Законот? Оти не е оној Јудеец, кој е таков по надворешност, ниту по обрезанието, кое е надворешно, врз плотта, туку оној, кој е внатрешно таков, и она обрезание, што е во срцето, по дух, а не по буква: него ќе го пофалуваат не луѓето, а Бог. Па, по што се подобри Јудејците од другите луѓе или што им помага обрезанието? Предимството е големо во секој однос, а главно во тоа, што ним им е поверено словото Божјо. Па што, ако некои не поверувале? Зар нивното неверување ќе ја уништи Божјата вера? Никако! Да признаеме дека Бог е верен, а секој човек лажец, како што е напишано: »За да се оправдаш во зборовите Свои, и да победиш кога си во суд«. Ако, пак, нашата неправда ја покажува Божјата правда, што ќе речеме тогаш? Зар Бог е несправедлив, кога се гневи? Човечки зборувам. Никако! Зашто, како Бог ќе му суди на светот? Оти, ако вистината Божја се возвеличува преку мојата лага за слава Негова, па зошто тогаш мене да ме судат како грешник? Не бива ли тогаш да правиме зло, та да излезе на добро, како што некои хулат на нас и велат дека така учиме? Тие се справедливо осудени. И така, какво предимство имаме? Никакво, оти веќе ги обвинивме, како Јудејците, така и Елините, дека се сите под грев, како што е напишано: »Нема ниеден праведен, нема ниеден разумен, нема кој да Го бара Бога; сите се отстранија, заедно станаа негодни: нема кој да прави добро, нема ниеден«. Грлото нивно – отворен гроб; со јазиците свои мамат; под јазиците нивни – змиски отров, устата нивна е полна со клетва и горчина. Нозете нивни им се брзи за проливање крв; пустош и маки по нивните патишта; тие не го познаа патот на мирот. Страв Божји нема пред очите нивни. Знаеме дека она, за што зборува Законот, се однесува на оние, што се под Законот, за да се затворат устите на сите, и така целиот свет да стане виновен пред Бога, зашто преку делата на Законот пред Него нема да се оправда ниедна плот; бидејќи преку Законот се познава гревот. А сега без Закон се јави Божјата правда, посведочена од Законот и Пророците. Божјата правда преку верата во Исуса Христа е во сите и врз сите оние што веруваат; зашто нема разлика: сите згрешија и се лишени од славата Божја. Но ќе се оправдаат преку дар, со Божјата благодат, а преку откупот во Христа Исуса, Кого Бог Го определи со крвта Своја да биде милостивна жртва преку верата, за да ја покаже Својата правда во опростувањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение, та да ја покаже Својата правда во сегашно време, дека е Он справедлив и дека го оправдува секого што верува во Исуса. Каде е, пак, фалбата? Таа е исклучена. Според кој закон? Според оној на делата ли? Не, туку според законот на верата. И така, си мислиме дека човекот се оправдува со верата, без дела според Законот. Или Бог е пак само на Јудејците, а не и на незнабошците? Се разбира, и на незнабошците, бидејќи еден е Бог, Кој ќе ги оправда обрезаните по вера и необрезаните преку вера. И така, го нарушуваме ли Законот преку верата? Никако, туку уште го утврдуваме. Па што да кажеме за нашиот отец Авраама, што добил по плот? Ако Авраам се оправда со дела, тој има пофалба, но не пред Бога. Оти, што вели Писмото? – »Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се прими како оправдание.« На оној што работи платата му следува не по милост, туку по долг. Напротив, оному, кој што не работи, а верува во Оној, Кој го оправдува безбожникот, верата му се прима како оправдание. Така и Давид го наречува оној човек блажен, кому Бог му прима оправдание без дела по Законот, велејќи: Блажени се оние, чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени; блажен е оној човек, кому Бог нема да му прими за грев! Ова блаженство, пак, за обрезание ли е или за необрезание? Бидејќи велиме дека на Авраама му беше примена верата како оправдание. Кога му се прими: по обрезанието или пред обрезанието? Не по обрезанието, туку пред обрезанието. И знакот на обрезанието тој го доби како печат на оправдување преку верата, која ја имаше пред обрезанието, за да биде татко на сите необрезани што веруваат, та и ним да им се прими како оправдување, и татко на обрезаните, но не на оние, кои обрезанието само го примиле, туку кои и врват по стапките на верата од нашиот татко Авраам, кој ја имаше пред обрезанието. Бидејќи ветувањето кон Авраама или кон семето негово – да биде наследник на светот, се даде не преку Законот, туку преку оправдување со посредство на верата. Ако приврзаниците на Законот се наследници, верата е обессилена, и ветувањето уништено; оти Законот породува гнев; каде што, пак, нема Закон, нема ни престапување. Затоа тоа е од верата, за да биде по милост, та и ветувањето да биде заздравено не само по Законот, туку и по верата за сите потомци Авраамови, кој ни е татко на сите нам според напишаното: »Те поставив татко на многу народи« – пред Бога, Кому тој Му поверува, Кој ги оживува мртвите и го вика она што не е како да е. Авраам, без никаква основа за надеж, поверува со надеж дека ќе стане татко на многу народи, според реченото: »Такво ќе биде твоето потомство.« И откако не ослабна верата негова, тој не помисли дека телото негово е веќе умртвено, оти беше тукуречи стогодишен, и дека утробата Сарина е веќе во умртвување; и во ветувањето Божјо не се посомни со неверие, туку остана тврд во верата, и Го прослави Бога, наполно уверен дека Он е силен и да го изврши она, што го ветил. Затоа тоа му се прими како оправдание. Но, не само за него е напишано дека му се прими, туку и за нас: ќе ни се прими, ако веруваме во Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исуса Христа, нашиот Господ, предаден за нашите гревови и воскреснат за наше оправдание. И така, бидејќи оправдани со верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исуса Христа, преку Кого со верата добивме и пристап кон оваа благодат, во која стоиме, и се фалиме со надежта во славата Божја. Но не само тоа, туку се фалиме и со маките, знаејќи, дека од маката се раѓа и трпението; од трпението, пак – искуство, а од искуството – надеж; надежта, пак, не посрамува, зашто љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Духот Свети, Кој ни беше даден. Оти, уште кога бевме немоќни, Христос во определено време умре за безбожниците. За праведник одвај ли некој да умре; за добар, можеби, некој и да се реши да умре. Но, Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни. Затоа сега, откако се оправдавме со крвта Негова, многу повеќе ќе се спасиме преку Него од гревот. Оти, ако како непријатели, се помиривме со Бога преку смртта на Неговиот Син, тогаш уште повеќе ќе се спасиме преку Неговиот живот, откако сме се помириле. И не само тоа, туку и се фалиме со Бога преку нашиот Господ Исуса Христа, преку Кого добивме сега помирување. Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија; бидејќи и пред Законот имаше грев во светот; но гревот како таков не се смета, кога нема закон. Смртта, пак, царува од Адама та дури до Мојсеја и над оние што не погрешија со престапи, слични на Адамовите, кој е образ на Оној што ќе дојде. Но дарот не е како престапувањето. Зашто, ако преку престапувањето на еден изумреа мнозина, тогаш Божјата благодат и дарот преку благодатта на единствениот Човек, Исуса Христа, уште повеќе преизобилно ќе се излие врз мнозина. И дарот не е како гревот на еден што погрешил, зашто судењето за еден престап води кон осудување, а дарот – од многу престапи кон оправдување. Бидејќи, ако со престапувањето на еден смртта царува преку едниот, тоа многу повеќе оние, што ја примија благодатта и дарот изобилно, ќе царуваат во животот преку Единиот Исус Христос. И така, како што преку престапувањето на еден човек дојде осудувањето на сите луѓе, така и преку правдата на Единиот дојде оправданието за живот на сите луѓе. Оти, како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден, мнозина ќе станат праведни. А Законот се додаде, за да се умножи престапувањето. Каде што, пак, се умножува гревот, благодатта се јавува во голема изобилност, та, како што гревот царува, предизвикувајќи смрт, така и благодатта да се зацари со правда за живот вечен, преку Исуса Христа, нашиот Господ. Што, пак, да речеме? Ќе останеме ли во гревот, за да се умножи благодатта? Никако! Ние, кои сме умреле за гревот, како ќе живееме во него уште? Зар не знаете дека сите ние што се крстивме во Исуса Христа, во Неговата смрт се крстивме. И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, та, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние да одиме во обновен живот. Зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението; знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот; бидејќи, кој умрел, тој се ослободил од гревот. А ако сме умреле со Христа, веруваме дека со Него и ќе живееме, знаејќи оти Христос, откако воскресна од мртвите, нема веќе да умира: смртта нема веќе власт над Него. Зашто ако умре Он, умрел еднаш за гревот, а што живее, за Бога живее. Па така и вие сметајте се мртви за гревот, и живи за Бога во Христа Исуса, нашиот Господ. И гревот да не царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на телесните наслади; и не дозволувајте вашите органи на гревот да станат орудија на неправдата, туку препуштете се на Бога како оживени од мртвите, а органите ваши да станат орудија на правдата. Гревот не треба да господари над вас, оти вие не сте под Законот, туку под благодатта. Па што? Да грешиме ли, бидејќи не сме под Законот, туку под благодатта? Тоа никако! Не знаете ли дека, кому му се предавате како робови за послушност, робови сте му на оној, кому му се покорувате: или робови на гревот, за смрт, или – на послушност за оправдание? Но благодарејќи Му на Бога, вие, иако бевте робови на гревот, од сѐ срце му станавте послушни на оној вид учење, на кое му се предадовте. Откако се ослободивте од гревот, вие станавте робови на правдата. Ви зборувам како човек, за вашата плотска слабост. Оти, како што ги предостававте членовите ваши да бидат робови на нечистотата и беззаконието за беззаконство, така и сега оставете ги членовите ваши да бидат робови на правдата за осветување. Зашто, додека му бевте робови на гревот, бевте слободни од правдата. А каков плод имавте тогаш? Дела, од кои сега се срамувате, бидејќи нивниот крај е смртта. Но сега, кога се ослободивте од гревот и Му станавте служители на Бога, вашиот плод е светост, а крајот – животот вечен. Оти, платата, што ја дава гревот, е смрт, а дарот Божји е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ. Или, пак, не знаете, браќа, бидејќи им зборувам на такви што го познаваат Законот, дека законот има власт над човекот додека е тој жив? Омажената жена е поврзана преку законот со мажот, додека е тој жив: умре ли мажот, таа се ослободува од законот, кој ја сврзал со мажот. Затоа, ако при жив маж се омажи таа за друг маж, ќе стане прељубница; ако, пак, умре мажот, таа е слободна од Законот, и нема да биде прељубница, кога ќе се омажи за друг човек. Па така и вие, браќа мои, за Законот преку телото на Исуса Христа умревте, за да Му припаднете на Друг, Кој воскресна од мртвите, та да Му принесеме плод на Бога. Зашто, кога живеевме во телото, тогаш страстите гревовни, преку Законот, дејствуваа во органите, за да ѝ принесеме плод на смртта; но сега, кога за Законот умревме, преку кого бевме сврзани, ние се ослободивме од него, за да Му служиме на Бога со обновен дух, а не според старата буква. Што да речеме пак? Зар Законот е грев? Никако! Но јас го разбрав гревот преку Законот, оти и похотта не би ја познал, ако Законот не велеше: »Не похотствувај!« Но гревот, поведувајќи се од заповедта, предизвика во мене секаква желба; бидејќи гревот без Закон е мртов. Некогаш живеев без Закон; но кога дојде заповедта, гревот оживе. Јас, пак, умрев, и се покажа дека заповедта, дадена за живот, ми послужи за смрт, оти гревот, поведувајќи се по заповедта, ме измами и преку неа ме умртви. Така, значи, Законот е свет, и заповедта света, справедлива и добра. Па така, доброто ли за мене стана смрт? Никако! Но гревот, за да се покаже дека е грев, ми предизвикува преку доброто смрт, та преку заповедта гревот да стане премногу грешен. Зашто знаеме дека Законот е духовен, а јас, пак, сум од тело, продадено на гревот. А што правам, не знам; бидејќи не го вршам она, што сакам, туку она, што го мразам, тоа го правам. Ако, пак, го правам она, што не го сакам, тогаш се согласувам со Законот дека е добар. И така, јас веќе не го правам тоа, туку гревот, што живее во мене. Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; бидејќи желба за добро во мене има, но да го правам тоа, не наоѓам сили. Оти не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам. А штом го вршам она, што не го сакам, не го вршам веќе јас, но гревот, кој живее во мене. И така, во себеси наоѓам таков закон дека, кога сакам да го правам доброто, злото ми се наметнува. Бидејќи, со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи. Беден човек сум! Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт? Му благодарам на својот Бог преку Исуса Христа, нашиот Господ. И така, јас сам со умот свој му служам на Божјиот закон, а со телото – на гревовниот закон. И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исуса Христа и живеат не по телото, а по Духот, бидејќи Законот на Духот, кој дава живот во Христа Исуса, ме ослободи од законот на гревот и на смртта. Она, што Законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото, го изврши Бог, испраќајќи Го Синот Свој во тело, слично на телото од гревот, и поради гревот Он го осуди гревот во телото, за да се оправда Законот во нас, кои живееме не по телото, туку по Духот. Оти оние, кои живеат по тело, мислат за телесното, а кои живеат по Дух – за духовното. Телесното мудрување е смрт, а духовното мудрување – живот и мир; бидејќи телесното мудрување е непријателство против Бога; на законот Божји тоа не му се покорува, ниту, пак, може. А оние, кои живеат по телото, не можат да Му угодат на Бога. Вие живеете не по тело, туку по дух, само тогаш ако Духот Божји живее во вас. Ако, пак, некој нема Дух Христов, тој не е Негов. Ако е, пак, Христос во вас, телото е мртво за грев, а духот живее поради правдата. Но ако Духот на Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исуса, живее во вас, тоа Оној, Кој Го воскресна Христа од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас. И така, браќа, ние не сме му должни на телото, та да живееме по телото; бидејќи, ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате работите на телото, ќе бидете живи. Сите оние, што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји; оти вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: Ава, Оче! Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји. А ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме. Оти мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас. А и тварите со нетрпение го очекуваат прославувањето на синовите Божји, зашто и тие не ѝ се покорија на суетата доброволно, туку по волјата на Оној, Кој ги покори, а со надеж дека и тие сами ќе се ослободат од ропството на распаѓањето при славното ослободување на синовите Божји. Оти знаеме дека сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега. И не само тие, туку и ние самите, кои го имаме начетокот на Духот, воздивнуваме во себеси, очекувајќи посинување и откупување на нашето тело, бидејќи со надеж се спасивме. А надеж за она, што се гледа, не е надеж, оти, како ќе се надева некој на нешто, што го гледа? Кога се надеваме, пак, на она, што не го гледаме, со трпение го очекуваме. Исто така и Духот нѐ поткрепува во нашите немоќи; бидејќи не знаеме за што да се помолиме, како што треба, туку Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување. А Оној, Кој ги испитува срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Он по волјата на Бога посредува за светиите. Знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се призвани по Негова волја, сѐ им врви добро; оти оние, кои ги позна порано, нив и ги определи да бидат слични по образот на Неговиот Син, та Он да биде првороден меѓу многуте еднородни браќа. А оние што ги предопредели, нив и ги повика; и кои ги повика, нив и ги оправда; кои ги оправда, нив и ги прослави. Што да речеме, пак, на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас? Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, како да не ни подари со Него сѐ? Кој ќе ги обвини избраниците Божји? Бог е, Кој ги оправдува. Кој е, што ќе суди? Христос ли Исус, Кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога, и Кој се застапува за нас? Кој ќе нѐ одвои од љубовта Божја; тага ли, неволја ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност ли или меч? Како што е напишано: »Заради Тебе секогаш нѐ убиваат; нѐ сметаат како овци за клање.« Но во сето ова победуваме преку Оној, Кој нѐ возљуби. Оти сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ. Ви зборувам вистина во името на Христа, не лажам – тоа го сведочи мојата совест преку Светиот Дух, дека ми е многу жал и срцето ме боли постојано; оти повеќе би сакал јас да бидам одвоен од Христа за браќата свои, моите сродници, по плот, кои се Израилци, на кои и им припаѓа посинувањето и славата и заветите и Законот, и службата кон Бога и ветувањата; нивни се и оците, од нив по плот е и Христос, Кој е Бог над сите, благословен во веки. Амин! А не е можно зборот Божји да не се оствари: бидејќи не сите што се од Израилот, се Израилци, ниту се, пак, сите семе Авраамово, за тоа што се негови чеда; но речено е: »Од Исака потомството ќе се нарече со твое име«. Односно, не чедата на телото се чеда Божји, туку чедата на ветувањето ќе се признаат како потомци. Бидејќи зборовите на ветувањето се овие: »Во тоа време ќе дојдам, и Сара ќе има син«. И не само таа, но и Ревека, која наеднаш зачна од Исака, нашиот татко, зашто, уште додека не се беа родиле и не беа направиле ништо добро или лошо за да се знае дека Божјото решение во изборот не е од делата, туку од Повикувачот, ѝ беше речено: »Поголемиот ќе му робува на помалиот«, како што е напишано: »Јакова го возљубив, а Исава го намразив«. Што да речеме пак? Зар има неправда во Бога? Никако! Оти Он му рече на Мојсеја: »Кој е за помилување, ќе го помилувам, и кој е за сожалување, ќе го сожалам«. И така, тоа зависи не од оној, кој пожелува, ниту од оној, кој трча, туку од Бога, Кој милува. Зашто Писмото му вели на Фараонот: »Точно за тоа те издигнав, за да ја покажам над тебе силата Своја и името Мое да биде проповедано по целата земја«. Па така, кого го сака, го милува; кого го сака, го прави жесток. Но ќе ми речеш: »А зошто уште нѐ кори?« А кој може да се спротивстави на Неговата волја? Ама ти, човеку, кој си, та спориш со Бога? Творението зар ќе му рече на својот мајстор: зошто си ме направил такво? Или, пак, грнчарот – нема ли право над глината, од едно и исто месиво да направи еден сад за честење, а друг за нечесна употреба? Па што, ако Бог, сакајќи да го покаже гневот Свој и да ја јави Својата моќ, со голема долготрпеливост поднесе некои садови на гневот, приготвени за погибел? Иако Он, за да го покаже богатството на Својата слава над садовите на милосрдноста, приготвувани од Него за слава, нѐ помилува нас, кои нѐ повика не само од Јудејците, туку и од незнабошците, како што и Осиј вели: »Ќе го наречам Мој народ оној, кој не беше Мој народ, и омилена – неомилената«. И на она место, каде што ќе им се рече: »Вие не сте Мој народ; таму ќе бидат наречени синовите на живиот Бог.« А Исаија извика за Израилот: »Иако е бројот на Израилевите синови колку што е морскиот песок, остатокот само ќе се спаси, оти ќе го заврши делото и ќе реши по правда: Господ ќе го изврши во потполност словото на земјата«. И како што предрече Исаија: »Ако Господ Саваот не беше ни оставил семе, ќе станевме како Содом и ќе заприлегавме на Гомор.« Што да се рече пак? Незнабошците, кои не бараа оправдание, добија оправдание преку верата. И Израилот, кој бараше закон на правдата, не достигна до Законот на правдата. Зошто? Затоа дека бараше не од верата, а од делата на Законот. Оти се сопнаа од каменот за сопнување, како што е напишано: »Еве, го полагам на Сион каменот за сопнување и каменот на соблазан; и секој, кој верува во Него, нема да се посрами«. Браќа, желбата на моето срце и на мојата молитва кон Бога е да се спаси Израилот. Јас им сведочам дека тие имаат ревност за Бога, но не по разумот. Зашто, не познавајќи ја правдата Божја и гледајќи да ја воспостават својата правда, тие не ѝ се покорија на Божјата правда, бидејќи свршетокот на Законот е Христос, преку Кого ќе биде оправдан секој што верува. Мојсеј пишува за оправданието од Законот: »Кој ќе го исполни, тој ќе биде преку него жив«. А оправданието на верата вели: »Да не речеш во срцето свое: Кој ќе се возвиси на небото?«, односно да Го симне Христа, – или, »Кој ќе слезе во бездната?«, односно да Го изведе Христа од мртвите! Но што вели Писмото: »Блиску до тебе е словото, во твојата уста и во твоето срце«, односно словото на верата, што го проповедаме, оти, ако со устата Го исповедаш Господа Исуса и со срцето свое поверуваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе се спасиш; бидејќи со срцето се верува за оправдание, а со устата се исповеда за спасение. Пак и Писмото вели: »Секој, кој верува во Него, нема да се посрами«. Нема разлика меѓу Јудеец и Елин, зашто еден и ист е Господ на сите, богат за сите, кои Го призовуваат. Бидејќи, секој, кој го призове името Господово, ќе се спаси. Но како ќе Го призоват Оној, во Кого не поверувале? Како, пак, ќе поверуваат во Оној, за Кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник? И како ќе проповедаат, ако не бидат испратени, како што е напишано: »Колку им се убави нозете на оние, што благовестат мир, кои го благовестат доброто«. Но Благовестието сите не го послушаа. Оти Исаија вели: »Господи, кој поверува во нашето проповедање?« И така, верата доаѓа од слушање, а слушањето – од словото Божјо. Но велам: зар тие не чуја? Напротив, »Гласот им се разнесе по целата земја, и зборовите нивни – до краиштата на вселената«. Пак велам: зар Израилот не разбра? Прв Мојсеј кажа: »Јас ќе возбудам во вас ревност не преку ништожен народ, туку преку неразумен народ«. А Исаија смело рече: »Ме најдоа оние, кои не Ме бараа, им се открив на оние, кои не прашаа за Мене«. За Израилот, пак, вели: »Постојано ги подавав рацете Свои кон народ непослушен и упорен«. И така, ви велам: зар Бог го отфрли Својот народ? Никако! Оти и јас сум Израилец, од семето Авраамово, од коленото Венијаминово. Бог не го отфрли Својот народ, кој однапред Го разбра. Или, пак, не знаете што кажува Писмото за Илија, како тој Му се пожали на Бога од Израилот, велејќи: Господи, ги избија пророците Твои и ги раскопаа жртвениците Твои; јас останав сам, и сакаат да ми ја земат душата. А како му вели Божјиот одговор: »Си оставив седум илјади мажи, кои не ги преклонија колената пред Ваала«. Така е, пак, во сегашно време; остатокот се спаси по избор на благодатта. Но, кога е по благодат, не е по дела; оти благодатта веќе не би била благодат. Ако, пак, е по дела, тоа веќе не е благодат; зашто инаку делото не би било веќе дело. А што? Израилот не го доби она, што го бараше; избраните, пак, го добија, а другите се ожесточија, како што е напишано: »Бог им даде дух што не чувствува: очи да не гледаат, и уши – да не слушаат, дури до денешниов ден.« И Давид рече: »Трпезата нивна да им биде замка, клопка, сопка и отплата; да им се заматат очите нивни, за да не гледаат, и 'рбетот нивни да им се превитка засекогаш«. Ви велам пак: зар се сопнаа, за да паднат? Не! Но преку нивното паѓање дојде спасението за незнабошците, за да се возбуди во нив ревност. Ако е, пак, паѓањето нивно богатство за светот, и отпаѓањето нивно богатство за незнабошците, тоа колку повеќе ќе биде обраќањето на нив сите. Вам, на незнабошците, ви велам: до колку сум апостол на незнабошците, јас ја прославувам својата служба, та некако да возбудам ревност во својот род по плот, и некого од нив да спасам. Зашто, ако нивното отфрлање е спасение за светот, тоа какво ли ќе биде нивното примање, ако не воскресение од мртвите? Кога е квасот свет, тогаш свето е и тестото: и ако е коренот свет, свети се и гранките. Ако, пак, некои од гранките се отцепиле, а ти, бидејќи дива маслинка, си се накалемил на нивното место и си станал соучесник на коренот и на маслиновиот сок, затоа не фали се пред гранките. Ако, пак, се фалиш, знај дека ти не го држиш коренот, туку коренот – тебе. Но ќе речеш: се отцепија гранките, за да се прикалемам јас. Добро. Тие преку неверие се отцепија, а ти преку вера се држиш: не мисли за себе високо, туку имај страв. Зашто, ако Бог не ги поштедил природните гранки, гледај та и тебе да не те поштеди. Гледај ја, пак, Божјата благост и строгост: строгост кон отпаднатите, а благост кон тебе, ако останеш во благоста; инаку, ти ќе бидеш отсечен. Но, тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, оти Бог е моќен пак да ги прикалеми. Зашто, ако си ти отсечен од природна дива маслинка, и против природата си прикалемен на питома маслинка, тоа тогаш колку полесно оние, природните, ќе бидат прикалемени на својата маслинка. Не сакам, браќа, да не ја знаете таа тајна – за да не бидете горди – дека слепотија на еден дел од Израилот му падна, додека не влезат незнабошците, колку што е потребно, и по таков начин целиот Израил ќе се спаси, како што е напишано: »Ќе дојде од Сион Избавителот и ќе ја отстрани безбожноста од Јакова«. И тоа им е ним завет од Мене, кога ќе ги одземам нивните гревови. Што се однесува до Благовестието, тие се непријатели поради вас; но во изборот тие Му се омилени на Бога заради татковците, зашто Бог нема да се покае за даровите Свои и призовувањето. Како што и вие некогаш бевте непокорни на Бога, а сега сте помилувани, поради нивното непокорство, така и тие се и сега непокорни, поради вашето помилување, та и самите да бидат помилувани. Оти Бог ги затвори сите во непокорство, па сите да ги помилува. О, каква длабочина на богатството, премудроста и знаењето на Бога! Колку се неиспитливи Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта! Оти, кој ја позна мислата на Господа? Или, кој Му бил советник? Или, кој однапред Му дал нешто, та и Он да му возврати? Зашто, сѐ е од Него, преку Него и во Него. Нему слава во веки. Амин! Браќа, во името на милоста Божја, ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба, и не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја. Зашто, преку благодатта, што ми е мене дадена, на секого од вас му кажувам да не мисли повеќе, отколку што треба да мисли; туку мислете скромно според делот на верата, што Бог на секого му го одмерил. Оти, како што во едно тело имаме многу органи, но сите членови не вршат една иста работа, па така и ние сме едно тело во Христа, а посебно еден на друг сме му органи. Според дадената благодат имаме разни дарови: ако е до пророштво, тогаш нека биде според верата; служба ли, нека служи; учител ли е – нека учи; наставник ли е – нека утешува; дарител ли, нека дарува; управител ли е, нека управува; кој што прави, нека го врши тоа со добра волја. Љубовта нека не биде лицемерна; отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто; еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов: натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Во усрдноста да не сте мрзливи; духот да ви биде пламенен; служете Му на Господа; бидете радосни во надежта; во маката бидете трпеливи, а во молитвата постојани; помагајте им на светиите во нивните нужди; трудете се да бидете гостопримливи; благословувајте ги оние што ве гонат; благословувајте ги, но не и да ги колнете. Радувајте се со радосните, и плачете со расплаканите! Бидете помеѓу себе едномислени; не мислете за високи работи, туку држете се смирено; не мислете дека сте мудри; и никому не враќајте зло за зло, а размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе. Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: »Одмаздата е Моја. Јас ќе отплатувам – вели Господ«. И така, ако непријателот твој е гладен, нахрани го; ако е жеден, напој го; оти, правејќи го тоа, ти ќе му натрупаш жар на главата негова. Не позволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро. Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, зашто нема власт, што не е дадена од Бога. Затоа, оној што се противи на власта, тој се противи на Божјата наредба. А оние, што се противат, тие ќе паднат под осуда. Затоа, началниците не се страшни за добрите дела, туку за лошите; сакаш ли, пак, да не се боиш од власта, тогаш прави добри дела, па ќе добиеш и пофалба од неа; оти таа е слугинка Божја, за твое добро. Ако, пак, правиш зло, тогаш страхувај, бидејќи тој не носи залудо оружје; тој е служител Божји и со гнев се одмаздува на оној што прави зло. Затоа треба да се покорувате, и тоа не само поради страв, туку и поради совеста своја. Затоа и данок плаќате, оти тие се Божји служители, и со тоа постојано се занимаваат. И така, дајте секому, што сте му должни: кому данок – данок; кому давачка – давачка; кому страв – страв; кому чест – чест. И не должете никому ништо освен да се сакате еден со друг; зашто оној, што го љуби ближниот, го исполнува Законот. Бидејќи заповедите: »Не прави прељуба, не убиј, не кради, не сведочи лажно, не барај туѓо!«, и секоја друга заповед се содржат во овие зборови: »Љуби го ближниот како самиот себеси!« Љубовта не му прави зло на ближниот; и така, љубовта е исполнување на Законот. Па, знаејќи го ова време дека дошол веќе часот, тоа да се разбудиме од сонот, оти спасението е сега поблиску до нас, отколку кога поверувавме. Ноќта помина, а денот се приближи: да ги отфрлиме, пак, сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината. Да одиме чесно како дење – не во срамни гоштавки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во препирка и завист; туку облечете се во Господа нашиот Исуса Христа, и грижата за телото не претворувајте ја во похоти. Слабиот во вера примајте го без расправии за мислењата, оти некој верува дека може да јаде сѐ, а немошниот јаде зелје. Кој јаде, нека не го укорува оној, што не јаде; и кој не јаде, нека не го осудува оној, што јаде, бидејќи Бог го примил. Кој си ти што му судиш на туѓ слуга? Пред својот господар тој стои или паѓа. Но ќе биде исправен, зашто Бог е моќен да го исправи. Така, еден разликува ден од ден, а друг сите денови ги смета еднакви. Секој нека остане уверен во својата мисла. Оној, што ги разликува деновите, ги разликува за Господа; и кој не ги разликува деновите, за Господа не ги разликува. Кој јаде, за Господа јаде, зашто Му благодари на Бога; и кој не јаде, за Господа не јаде, и Го фали Бога. Зашто никој од нас не живее за себеси и никој не умира за себеси; туку, живееме ли – за Господа живееме, умираме ли – за Господа умираме; според тоа – живееме ли, умираме ли – Господови сме. Бидејќи Христос затоа и умре и воскресна и оживе, за да господари и над мртвите и над живите. А ти, зошто го осудуваш братот свој! Или ти, што го укоруваш братот свој? Зашто сите ќе застанеме пред судот Христов. Оти е напишано: »Жив сум Јас, вели Господ, пред Мене ќе се преклони секое колено и секој јазик ќе Го исповеда Бога«. И така, секој од нас ќе одговара пред Бога за себе. Затоа, пак, да не судиме еден друг, а подобро судете за тоа – на брата си да не му поставувате сопка или соблазан. Знам и уверен сум преку Господа Исуса Христа дека нема ништо нечисто само по себе; освен кога некој мисли дека е нешто нечисто, за него тоа е нечисто. А ако, пак, братот твој е огорчен поради јадење, ти веќе не постапуваш според љубовта. Не погубувај го со своето јадење оној, за кого Христос умре. Гледајте да не се хули на вашето добро. Оти царството Божјо не е јадење или пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух. Зашто, оној кој Му служи на Христа со овие работи, тој Му е угоден на Бога и мил на луѓето. И така, да го бараме она, што служи за мир и заемно подобрување еден на друг. Поради јадење не уривај го делото Божјо. Сѐ е чисто, а тешко е за оној човек, кој јадејќи се соблазнува; подобро е да не јадеш месо, да не пиеш вино и да не правиш ништо, од кое братот твој се сопнува, или се соблазнува, или, пак, слабее. Имаш ли вера? Имај си ја за себе пред Бога. Блазе на оној, кој не се осудува себеси за она што нашол дека е добро. А кој се сомнева, ако јаде, осуден е; зашто не јаде со вера; а сѐ што не е според верата, грев е. А на оној, Кој може да ве утврди според моето благовестие и проповедта за Исуса Христа, според откровението на тајната што е замолчувана досега од вечни времиња, а објавена сега, преку Писмата пророчки, и по заповед на вечниот Бог известена на сите народи поради покорност на верата, односно на Единиот премудри Бог, а преку Исуса Христа, нека е слава во сите векови. Амин! Ние силните должни сме да ги поднесуваме немоштите на слабите, и да не угодуваме на себеси: секој од вас должен е на својот ближен да му угодува во доброто за поука. Оти и Христос не угоди на Себеси, па како што е напишано: »Хулењата на оние, што Те хулеа, паѓаа врз Мене«. А сѐ, што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж. А и Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие помеѓу себе, според примерот на Христа Исуса, та еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос. Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за славата Божја. Но велам дека Исус Христос стана слуга на обрезанието поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата, дадени на татковците, а, пак, незнабошците да Го прослават Бога за Неговата милосрдност, како што е напишано: »Затоа Те прославувам, Господи, меѓу незнабошците и ќе Го воспеам Твоето име«. И пак е речено: »Развеселете се, незнабошци, со Неговиот народ!« И пак: »Фалете Го Господа сите незнабошци, и прославете Го, сите народи!« Исаија, исто така вели: »Ќе постои коренот Јесеев и Издигнатиот од него ќе владее над народите; на Него ќе се надеваат народите.« А Бог на надежта нека ве исполни со секаква радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува. И јас сум уверен за вас, браќа мои, дека и вие сте полни со благост, исполнети со секакво разбирање, та можете да се поучувате еден со друг. Но ви пишав, браќа, нешто малку послободно, за да ви напомнам за дадената ми од Бога благодат, за да Му бидам слуга на Исуса Христа меѓу незнабошците и свештенодејствено да го извршувам Божјото Благовестие, та приносот од незнабошците, осветен од Светиот Дух, да биде благопријатен. И така, со тоа можам да се пофалам во Исуса Христа кај Бога, оти не смеам да речам ништо, што не го извршил Христос преку Мене, за да станат и незнабошците послушни на верата, со слово и дело, со силата на знаци и чуда, со силата на Божјиот Дух, така што Благовестието Христово го распространив од Ерусалим и неговата околина дури до Илирик. И така, се погрижив да го проповедам Евангелието не таму, каде што името Христово беше веќе извесно, за да не ѕидам врз туѓ темел, а како што е и напишано: »На оние, на кои не им се јави за Него, ќе видат; и оние што не беа чуле, ќе узнаат«. Токму тоа многупати ме попречуваше да дојдам при вас. Сега, пак, бидејќи немам веќе такво место во овие земји, а од многу години наваму копнеев да дојдам при вас, ако тргнам за Шпанија, ќе дојдам кај вас. Оти, преминувајќи таму, се надевам да ве видам и натаму вие да ме испратите, откако најнапред се порадувам на вас. А сега одам во Ерусалим, за да им послужам на светиите, зашто Македонија и Ахаја благоволија да дадат некаков принос за бедните светии во Ерусалим. Благоволија, па и должни им се. Бидејќи, ако незнабошците станаа соучесници во нивните духовни блага, тоа тие се должни и ним да им служат со материјални блага. А откако ќе го направам ова и им го запечатам овој плод, низ вашите места ќе заминам за Шпанија. А знам дека, кога ќе дојдам при вас, ќе дојдам со полн благослов на Христовото Евангелие. Браќа, ве молам поради нашиот Господ Исус Христос и поради љубовта на Духот, помагајте ми со своите молитви кон Бога за мене, за да се избавам од оние што не веруваат, кои се во Јудеја, и службата моја во Ерусалим да им биде благопријатна на светиите: та радосен да дојдам при вас со Божјата волја и да се успокојам со вас. А Бог на мирот нека биде со сите вас. Амин! Ви ја препорачувам Фива, нашата сестра, која е слугинка при црквата во Кенхреа: примете ја во Господа, како што им прилега на светии, и помогнете ѝ во она, во што ќе има потреба од вас, бидејќи и таа беше помошница на мнозина и на мене самиот. Поздравете ги Прискила и Акила, моите сотрудници во Христа Исуса, кои за мојата душа ја положија својата глава; ним не само јас им благодарам, туку и сите цркви од незнабошците и нивната домашна црква. Поздравете го мојот возљубен Епенет, кој е првенец во Христа во Ахаја. Поздравете ја Маријам, која многу се грижеше за нас. Поздравете ги Андроника и Јунија, моите сродници и созатвореници, кои се прочуени меѓу апостолите и кои уште пред мене поверуваа во Христа. Поздравете ми го саканиот во Господа Амплија! Поздравете го нашиот сотрудник во Христа Урбана и саканиот Стахија! Поздравете го испитаниот во Христа Апелија! Поздравете ги верните од домот Аристовулов! Поздравете го мојот сродник Иродион! Поздравете ги домашните на Наркис, кои веруваат во Господа. Поздравете ги Трифена и Трифоса, кои се грижат за Господа. Поздравете ја почитуваната Персида, која многу се погрижи за Господа. Поздравете го избраниот во Господа Руф, како и неговата и моја мајка! Поздравете ги Асинкрита, Флегонта, Ерма, Патрова, Ермија и браќата со нив! Поздравете ги Филолога и Јулија, Ниреја и неговата сестра, и Олимпана и сите со нив светии! Поздравете се еден со друг со свет целив! Ве поздравуваат сите цркви Христови! Ве молам, браќа, пазете се од оние, кои предизвикуваат расцепи и соблазни против учењето, кое сте го научиле, и клонете се од нив! Зашто таквите не Му служат на нашиот Господ Исус Христос, туку на стомакот свој, и со слатки и ласкави зборови ги измамуваат срцата на простодушните. Вашата послушност во верата на сите им е позната: затоа јас се радувам за вас, но сакам да бидете мудри во доброто и прости во злото. А Бог на мирот наскоро ќе го сотре сатаната под нозете ваши. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас. Амин! Ве поздравуваат мојот сотрудник Тимотеј, и моите сродници Луциј, Јасон и Сосипатар. Ве поздравувам во Господа и јас Терциј, кој го напиша ова послание. Ве поздравува Гај, мој и на целата црква домаќин. Ве поздравува Ераст, градскиот благајник и братот Кварт. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин! Од Павла, повиканиот апостол на Исуса Христа по волјата Божја, и од братот Состен – до црквата Божја во Коринт, до осветените во Исуса Христа, до повиканите светии, заедно со сите оние, кои го призовуваат името на нашиот Господ Исус Христос на секое место, на нивно и на наше. Да имате благодат и мир од нашиот Бог Отец и од Господа Исуса Христа! Секогаш Му благодарам на Бога за вас поради даруваната ви во Христа Исуса Божја благодат, зашто преку Него се обогативте со сѐ, во секое слово и во секое знаење, откако се утврди во вас Христовото сведоштво, така што да не се лишавате од никаков дар, вие, што го очекувате откровението на нашиот Господ Исус Христос, Кој ќе ве утврди и до самиот крај, за да бидете беспрекорни во денот на нашиот Господ Исус Христос. Верен е Бог, преку Кого сте повикани за општење со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ. Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла. Оти од домашните на Хлој чув за вас, браќа мои, дека помеѓу вас имало карање. А ова ви го велам, затоа што еден од вас вели: »Јас сум Павлов«, друг: »А јас сум Аполосов«, трет: »Јас сум на Кифа«, а друг: »Јас, пак, Христов«. Па зар Христос да се раздели? Дали Павле беше распнат за вас? Или пак во името Павлово се крстивте? Му благодарам на Бога, што од вас никого не сум крстил, освен Криспа и Гаја, та никој да не рече, дека сум крстил во свое име. Го крстив исто така и домот на Стефанин, а дали сум крстил и некој друг, не знам. Зашто Христос не ме прати да крштавам, туку да го проповедам Евангелието, и тоа не со премудри зборови, за да не ја изгуби силата крстот Христов. Бидејќи словото за крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја. Зашто е напишано: »Ќе ја погубам мудроста на мудрите и ќе го отфрлам разумот на разумните.« Каде е мудрецот? Каде е книжникот? Каде е препирачот од овој век? Не ја обезуми ли Бог мудроста на овој свет? Зашто светот со својата мудрост не Го позна Бога во Неговата премудрост; Бог благоволи со безумството на проповедта да ги спаси оние што веруваат. Оти и Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост, ние, пак, Го проповедаме Христа распнатиот, Кој е за Јудејците соблазан, а за Елините безумство; за повиканите, пак, како Јудејците, така и Елините, Христа како Божја сила и Божја премудрост. Зашто она, што е безумно за Бога, помудро е од луѓето, и она, што е за Бога немошно, посилно е од луѓето. Гледате, браќа, какви сте вие, повиканите: не мнозина сте по тело мудри, не мнозина силни, не мнозина благородни; но Бог го избра она, што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите; Бог го избра она, што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните; Бог го избра она, што е од долно потекло и унизено во овој свет, и она, што не претставува ништо, за да го сосипе она, што е нешто, та ниедно тело да не се пофали пред Бога. Од Него сте и вие во Исуса Христа, Кој за нас стана премудрост од Бога, и правда, и осветување, и откуп, па да биде, како што е напишано: »Кој се фали, во Господа нека се фали«. И јас, браќа, доаѓајќи при вас, дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво не со возвишена проповед или мудрост, бидејќи не сметав дека е добро меѓу вас да знам нешто друго освен за Исуса Христа, и тоа – Распнатиот. И јас меѓу вас бев во немоќ, и страв, и во голем трепет. И словото мое, и проповедта моја, не се состоеше во убедливи зборови на човечка мудрост, туку во пројава на Духот и силата, та верата ваша да се утврди не во човечка мудрост, туку во силата Божја. Мудрост, пак проповедаме меѓу совршените, но не мудрост од овој век, ниту, пак, онаа на преодните господари од овој свет, туку ја проповедаме Божјата премудрост, тајна сокриена, која Бог ја предодредил уште пред вековите за наша слава, која никој од господарите на овој свет не ја познал; зашто, ако ја беа познале, тогаш немаше да Го распнат Господа на славата. Но, како што е напишано: »Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат.« А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот испитува сѐ, па дури и длабините Божји. Бидејќи, кој човек знае, што има во човекот, освен човечкиот дух, кој живее во него? Па така, и Божјото не го знае никој, освен Божјиот Дух. Но ние не го примивме духот од овој свет, туку Духот, Кој иде од Бога, за да го знаеме она, што ни е дарувано од Бога; па тоа и го проповедаме не со зборови, научени од човечка мудрост, туку научени од Светиот Дух: толкувајќи го она што е духовно на духовни луѓе. Душевниот човек не го прима она, што е од Божјиот Дух; за него тоа е безумство; и не може да го разбере, оти треба духовно да се испита. Духовниот, пак, човек испитува сѐ, а него никој не го испитува. Зашто, кој го познал умот Господов, та да го објасни? А ние имаме ум Христов. Јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, туку како на телесни, како на младенци во Христа. Со млеко ве напоив, а не со јадење, оти уште не можевте да го примите, а и сега уште не можете, бидејќи уште сте телесни. И навистина, штом помеѓу вас има завист, кавга и неслога, не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе? Оти, кога еден зборува: »Јас сум Павлов«, а друг: »Јас сум Аполосов«, не сте ли телесни? Кој е, пак, Павле, а кој Аполос? Не се ли тие слуги, преку кои вие поверувавте, и тоа според она, колку кому Господ му дал? Јас посадив, Аполос поли, но Бог направи да израсте. Затоа, ниту оној, кој сади, е нешто, ниту, пак, оној, што полива, а сѐ е Бог, Кој прави да израсте. Кој сади и кој полива се еднакви; но секој ќе ја добие својата награда според својот труд. Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божја зграда. Според дадената ми од Бога благодат, јас, како мудар првоградител, поставив темел, а друг ѕида; само секој нека пази како ѕида. Зашто никој не може да постави друга основа, освен положената, која е Исус Христос. Ако некој ѕида врз таа основа со злато, сребро, драгоцени камења, дрва, сено или слама, делото на секого ќе стане јавно; судниот ден ќе го покаже; зашто преку оган ќе се открие, и огнот ќе испита, какво е делото на секого. И, ако делото, на оној што ѕидал, се задржи, тој ќе прими награда. А чие дело изгори, тој ќе биде оштетен, а сам ќе се спаси, но така – како преку оган. Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие. Никој нека не се лаже; ако некој од вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да биде мудар. Зашто мудроста од овој свет е безумство пред Бога, како што е напишано: »Он ги фаќа мудрите во нивното лукавство.« И пак: »Господ знае дека помислите на мудрите се суетни.« И така, никој нека не се фали со луѓе, бидејќи сѐ е ваше: било Павле или Аполос, или Кифа, било светот или животот, или смртта, било сегашното или идното, – сѐ е ваше; вие, пак, сте Христови, а Христос – Божји. И така, секој човек нека нѐ смета нас за служители Христови и управници на тајните Божји, а од управниците понатаму се бара секој од нив да се покаже верен. За мене сосема малку значи што мислите вие за мене, или што мислат другите луѓе; јас и самиот не судам за себеси, зашто во ништо не се чувствувам виновен; но со тоа не се оправдувам: судија ми е Господ. Затоа, пак, не судете ништо пред време, додека не дојде Господ, Кој ќе ги изнесе на видело тајните на мракот и ќе ги објави намерите на срцата; и тогаш пофалбата на секого ќе му биде од Бога. Ова го направив, браќа, кон себеси и кон Аполос заради вас, за да се научите од нас да не мудрувате повеќе од она, што е напишано, и да не се гордеете еден пред друг поради некого. Оти, кој ти дава предимство? Што имаш, што не си добил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил? Презаситени сте веќе, се збогативте веќе и се зацаривте без нас; камо да се бевте зацариле, та и ние да царуваме со вас! Мислам, дека нас апостолите, Бог нѐ постави најпоследни, како осудени на смрт; бидејќи станавме призор на светот – на ангелите и на луѓето. Ние сме безумни заради Христа, а вие сте мудри во Христа; ние сме немоќни, а вие сте силни; вие сте славни, а ние бесчесни. До овој час ние и гладуваме, и жедуваме, и необлечени одиме, се мачиме и се потураме по светов, но се трудиме, работејќи со своите раце. Кога нѐ укоруваат, ние благословуваме, а кога нѐ гонат – трпиме; кога хулат на нас, ние се утешуваме. Станавме како сметиште на овој свет, како отпад на сите луѓе. Но ова ви го пишувам не за да ве посрамам, туку да ве поучам како мои омилени чеда. Зашто, ако имате и на десетина илјади наставници во Христа Исуса, многу татковци немате, бидејќи јас ве родив во Исуса Христа преку Евангелието. Затоа, ве молам, подражавајте ме мене, како што јас – Христа. Браќа, затоа го пратив при вас Тимотеј, кој ми е возљубено и верно чедо во Господа; тој ќе ви ги напомни патиштата мои во Христа, како што насекаде и во секоја црква учам. Некои се возгордееја, како да не ќе дојдам при вас; но наскоро ќе дојдам кај вас, ако сака Господ, и ќе ги познаам не зборовите, туку силата на оние, што се возгордеале, зашто царството Божјо не е во зборови, туку во силата. Што сакате? Со стап ли да дојдам при вас, или со љубов и кроток дух? Од секаде се слуша дека кај вас има блудство, и тоа какво блудство, за какво не се зборува дури ни при незнабошците, односно дека некој држи таткова жена. А вие уште се гордеете, место да плачете. Нека се исфрли од вашата средина оној, што го направил тоа дело. Јас, пак, иако со телото не сум при вас, а само со духот, веќе го осудив, како да сум меѓу вас, оној, што го направил тоа. Во името на нашиот Господ Исус Христос, кога ќе се соберете вие и мојот дух, со силата на нашиот Господ Исус Христос, да го предадете на сатаната, за мачење на неговото тело, та духот негов да биде спасен во денот на нашиот Господ Исус Христос. Фалбата ваша не е добра. Не знаете ли дека малку квас го потквасува целото тесто? Затоа, очистете го стариот квас, та да бидете ново тесто, како што сте бесквасни; оти Христос, Пасхата наша, се закла за нас. Па да празнуваме не со стар квас, ниту со квас од злоба и лукавство, туку со пресни лебови во чистота и вистина. Ви пишав во писмото свое – да не се мешате со луѓе што блудствуваат, но не и општо со блудници од овој свет, или со користољубци, или со грабачи, или со идолопоклоници, оти, инаку, би требало да излезете од овој свет. Но сега ви пишувам да не се дружите со оној, кој наречувајќи се брат, си останува блудник, или користољубец, или идолопоклоник, или хулник, или пијаница, или грабач; со таков дури и да не јадете. Зашто, моја работа ли е да ги судам надворешните? Не ли ги судите вие внатрешните? Надворешните, пак, ќе ги суди Бог, а вие исфрлете го лошиот помеѓу вас. Смее ли некој од вас, кога има тужба против друг, да се суди пред неправедни, а не пред светиите? Не знаете ли дека светиите ќе го судат светот? Ако, пак, вие го судите светот, не сте ли достојни да судите за помали работи? Не знаете ли дека ангели ќе судиме? А колку повеќе за работите од овој свет? А кога имате тужби за работи од овој свет, за судии земете ги од црквата оние, кои се унизени! За ваш срам велам: зар меѓу вас нема ниеден мудар, кој може да пресуди меѓу браќата свои? Туку брат со братот се суди, и тоа пред неверници! Многу срамно е веќе тоа и за вас дека имате тужби помеѓу себе. Зошто порадо не трпите неправда? Зошто порадо не ја претрпите штетата? Но вие сами ги навредувате и оштетувате, и тоа браќата свои. Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо. А такви беа и некои од вас; туку се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот на нашиот Бог. Сѐ ми е позволено, но не е сѐ полезно; сѐ ми е позволено, но ништо не сакам да завладее над мене. Храната е за стомакот, а стомакот за храната; но Бог и неа и него ќе го уништи. Телото, пак, не е за блудство, а за Господа, и Господ – за телото. А Бог и Господа Го воскресна, и нас ќе нѐ воскресне со силата Своја. Зар не знаете, дека телата ваши се Христови членови? Ќе ги земам ли членовите Христови и да ги направам членови на блудница? Тоа никако! Или, пак, не знаете, дека оној, кој со блудница се соединува, станува едно тело со неа? Зашто е речено: »Обата ќе бидат едно тело«. А кој се соединува со Господа, еден дух е со Него. Бегајте од блудството! Секој грев, што го прави човекот, е надвор од телото, а блудникот греши против своето сопствено тело. Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате само на себеси? Скапо сте купени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји. А за она што ми пишавте – добро е човек да не се допира до жена. Но, за да се избегне блудството, секој нека си има своја жена, и секоја жена свој маж. Мажот да ја има спрема жената својата должна љубов, а исто така и жената – спрема мажот. Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената. Не одделувајте се еден од друг – освен по договор за некое време, за да постите и да Му се молите на Бога; и пак состанете се за да не ве искуша сатаната, поради вашето невоздржување. Ова, пак, ви го велам како совет, а не како заповед. Оти сакам, сите луѓе да се како јас; но секој си има свој дар од Бога – еден ваков, друг инаков. А на неженетите и на вдовиците им велам: добро ќе им биде, ако останат како јас. Но, ако не можат да се воздржат, нека се женат и мажат; бидејќи подобро е да се женат и мажат, отколку да се возбудуваат. А на женетите и мажените им заповедам – не јас, туку Господ – жената да не се разделува од мажот, – ако, пак, и се раздели, нека не се премажува, или, пак, да се помири со мажот свој, – а и мажот да не ја остава жената своја. А на другите им зборувам јас, а не Господ: ако некој од браќата има жена, која не поверувала, и таа е согласна да живее со него, нека не ја остава; и ако некоја жена има маж, кој не поверувал, а тој е согласен да живее со неа, таа да не го остава. Зашто маж што не поверувал се осветува преку жената која верува, и жена што не поверувала се осветува преку мажот, кој верува; инаку децата ваши би биле нечисти, а сега се свети. Ако некој, што не верувал, сака да се разведе, нека се разведе; во такви случаи братот или сестрата не се заробени; зашто за мир нѐ повикал Бог. Оти, од каде знаеш, жено, не ќе ли го спасиш ти мажот? Или од каде знаеш, о мажу, нема ли да ја спасиш ти жената? Само секој нека постапува така, како што му определил Бог, како го повикал Господ. Така заповедам по сите цркви. Обрезан ли е повикан некој, нека не крие; необрезан ли е повикан некој, нека не се обрезува. Обрезанието е ништо, и необрезанието е ништо, а пазењето на Божјите заповеди е сѐ. Секој да си остане во звањето, во кое е повикан. Роб ли си призван, да немаш грижа; но, дури и ако можеш да станеш слободен, уште повеќе ползувај се од ропството. Оти повиканиот во Господа роб, станува Господов слободен; исто така и повиканиот слободен станува роб Христов. Вие сте скапо платени: не станувајте робови на луѓе. Секој, во какво призвание е повикан, браќа, во него нека остане и пред Бога. А, што се однесува до девојките, за нив немам заповед од Господа, но советувам; како што сум помилуван од Господа, да Му бидам верен. Поради сегашната потреба го наоѓам за добро ова: добро е за човекот да биде таков. Сврзан ли си со жена, не барај развод; разврзан ли си од жена, не барај жена. Но, ако се ожениш, нема да згрешиш; и девојка, ако се омажи, нема да згреши. Но таквите ќе имаат телесни неволи, а јас, пак, ве штедам. Ова ви го велам, браќа, оти времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат; и кои плачат – како да не плачат; и кои се радуваат – како да не се радуваат; и кои купуваат – како да немаат, и кои се ползуваат од овој свет – како да не се ползуваат; зашто се менува обликот на овој свет. Јас, пак, сакам вие да бидете без грижи. Неженетиот се грижи за Господови работи, – како да Му угоди на Господа; а женетиот се грижи за световни работи – како да ѝ угоди на жената. Постои разлика меѓу жена и девојка; неомажената се грижи за Господови работи – како да Му угоди на Господа, за да стане света со телото и со духот; а омажената се грижи за световни работи – како да му угоди на мажот свој. Ова ви го зборувам за ваша корист, не да ви поставам замка, туку за убава и пристојна служба на Господа без пречки. Ако некој мисли дека е срамно девојката негова да му остане така во напредната возраст, тој нека прави како сака; нема да погреши; таквите нека се мажат. А кој е тврд во срцето свое, и нема потреба, а има власт над својата волја, па реши во срцето свое да ја пази својата девојка, тој добро прави. Но и оној, кој ја омажува својата девојка, добро прави; а оној, што не ја мажи, подобро прави. Жената е сврзана преку Законот, додека е жив мажот нејзин; а ако умре мажот нејзин, таа е слободна да се премажи за кого сака, но само во името на Господа. Само, поблажена е, ако си остане така, според моето мислење; а мислам дека и јас имам Дух Божји. Што се однесува, пак, до месото клано за идоли, мислам дека сите имаме разум. Умот возгордува, а љубовта изградува. Ако некој мисли дека нешто знае, тој уште ништо не узнал, како што треба да знае. Ако, пак, некој Го сака Бога, Бог него го знае. А по однос јадењето на идолски жртви, знаеме дека идолот не е ништо на светов и дека друг Бог нема, освен Единиот. Зашто, иако само по име има богови, било на небото, било на земјата, како што има многу богови и многу господиновци, сепак ние имаме само еден Бог Отец, од Кого е сѐ, и ние сме во Него, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сѐ и ние сме преку него. Но, во секого нема знаење: некои според досегашното знаење за идолите јадат жртви идолски како такви, а совеста нивна, бидејќи немоќна, им се осквернува. Храната не нѐ приближува кон Бога, оти ниту што добиваме, ако јадеме, ниту нешто губиме, ако не јадеме. Но пазете се, пак, таа ваша слобода да не стане некако соблазан за слабите. Зашто ако некој те види тебе, што знаеш, како седиш на трпеза во идолопоклонички храм, нема ли неговата совест, бидејќи слаба, да се одлучи, та и тој да јаде идолски жртви? И при твоето знаење ќе загине немоќниот браат, за кого умрел Христос. И така, грешејќи против браќата и ранувајќи ја нивната слаба совест, вие грешите против Христа. Затоа, штом храната го соблазнува мојот брат, тогаш нема никогаш да јадам месо, за да не го соблазнувам својот брат. Не сум ли јас апостол? Не сум ли слободен? Не Го видов ли Исуса Христа, нашиот Господ? Не сте ли вие мое дело во Господа? Ако на други не сум апостол, но на вас сум, бидејќи печатот на моето апостолство сте вие во Господа. Тоа е мојата заштита против оние што ме осудуваат. Зар немаме право да јадеме и да пиеме? Зар немаме право да водиме со себеси една жена сестра, како и другите апостоли и браќата Господови и Кифа? Или само јас и Варнава немаме право ова да го правиме? Кој војувал некогаш на своја сметка? Кој сади лозје, а не јаде од неговиот плод? Или кој пасе стадо, а не јаде од неговото млеко? Зар го зборувам ова само по човечки? Не го вели ли истото и Законот? Бидејќи во Мојсеевиот закон е напишано: »Не врзувај ја устата на вол, што врши«. Зар Бог се грижи за воловите? Или го вели тоа, главно, за нас? – Да, за нас е напишано тоа; зашто, оној што ора, треба да ора со надеж, и кој што врши, да врши со надеж, за да го добие она, што го очекува; ако сме го посеале при вас духовното семе, многу ли е, ако го ожнееме кај вас телесното? Ако други имаат дел во она, со што располагате вие, тогаш колку повеќе ние? Но, ние не го користевме тоа право, туку сѐ трпиме, за да не направиме некаква пречка на Христовото Евангелие. Не знаете ли дека оние, што свештенодејствуваат, се хранат од светилиштето, и кои служат на жртвеникот, делат со жртвеникот? Така и Господ заповедал, проповедниците на Евангелието да живеат од Евангелието. Но јас не се ползував ни со едно од тие права; и не го пишав ова, за да се приложи сето тоа кон мене. Оти за мене е подобро да умрам, отколку некој пофалбата да ми ја одземе. Зашто, ако проповедам Евангелие, нема за што да се фалам: бидејќи тоа ми е должност, а тешко мене, ако не проповедам. Ако доброволно го вршам тоа, тогаш имам награда; а ако без своја волја – тогаш е тоа само извршување на поверена ми служба. А каква ми е наградата? Таа е дека проповедајќи го Евангелието, го проповедам за Христа дарум, не ползувајќи го своето право од благовествувањето. Зашто, иако слободен од сите, станав роб на сите, та повеќето од нив да ги придобијам: на Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и нив; за оние што се без закон, станав како да сум без закон, иако пред Бога не сум без Закон, туку сум под Законот на Христа, за да ги придобијам и оние што се без закон. За слабите станав како слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сѐ, та по каков и да било начин да спасам некого. А ова го правам поради Евангелието, за да бидам учесник во Него. Не знаете ли, дека оние што се натпреваруваат на тркалиште, трчаат сите, но само еден добива награда? Па така трчајте и вие, за да добиете. Секој што се бори, од сѐ се воздржува: оние – за да добијат распадлив венец, а ние – траен. Јас, пак, сѐ така трчам, но не на несигурно; се борам не како оној што удира по ветар; туку го истоштувам и го поробувам телото, да не би ненамерно, проповедајќи им на другите и сам да станам негоден. Браќа, не сакам да не знаете дека татковците наши сите беа под облак и сите минаа преку морето; и сите во Мојсеја се крстија во облакот и во морето; и сите јадеа иста духовна храна; и сите пиеја исто духовно пиење; оти пиеја од духовниот камен, што идеше по нив; а каменот беше Христос. Но повеќето од нив не беа по волјата Божја, бидејќи загинаа во пустињата. А тоа беа примери за нас, за да не бидеме похотливи на злото, како што тие беа похотливи. Не станувајте ниту идолослужители, како некои од нив, за кои е напишано: »Народот седна да јаде и да пие, па стана да игра«. Ниту, пак, да блудствуваме, како некои од нив што блудствуваа, и во еден ден загинаа дваесет и три илјади. Ни, пак, да го искушуваме Христа, како што некои од нив Го искушуваа, и загинаа од змии. Не роптајте, како што некои од нив роптаа, па загинаа од Истребителот. Сето тоа стануваше, та да служат како пример, а беше напишано за поука на нас, до кои стигна крајот на вековите. Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне. Друго искушение вас не ве постигна, освен човечкото; но верен е Бог, Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите. Затоа, возљубени мои, одбегнувајте го служењето на идолите. Ви зборувам како на мудри: расудете сами за ова што ви го кажувам. Чашата на благословот, која ја благословуваме, не е ли општување со крвта Христова? Лебот што го кршиме, не е ли општување со телото Христово? Бидејќи лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите се причестуваме од еден леб. Гледајте го Израилот по тело: оние, што јадат од жртвите, не се ли во заедница со жртвеникот? Па што да речеме? Тоа ли дека идолот е нешто, или дека идолските жртви се нешто? Не! Но она што го принесуваат незнабошците како жртва, го принесуваат на бесови, а не на Бога; јас, па, не сакам да бидете во заедница со бесовите. Не можете да пиете од Господова чаша и од бесовска чаша; не можете да учествувате на Господовата трпеза и на бесовската трпеза. Или, пак, ќе побудиме ревнување во Господа? Та посилни ли сме од Него? Сѐ ми е позволено, но не е сѐ полезно; сѐ ми е позволено, но не е сѐ за поука. Никој нека не ја бара својата полза, туку ползата на ближниот. Сѐ, што се продава на пазар, јадете без какво и да било испитување поради совеста; зашто »Господова е земјата и она што ја исполнува«. Ако ве покани некој од неверните и вие посакате да отидете, јадете сѐ, што ќе ви изнесат, без никакво испитување, поради совеста. Но, ако некој ви рече: тоа е идолска жртва, не јадете – заради оној, што ви го рекол тоа, и поради совеста; зашто Господова е земјата и она, што ја исполнува. Но не зборувам за совеста твоја, туку на друг; оти, бива ли мојата слобода да биде судена од туѓа совест? Ако, пак, во јадењето учествувам со благодарност, зошто да бидам хулен поради тоа, за кое благодарам? И така, јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја. Не станувајте соблазан ни за Јудејците, ни за Елините, ниту за црквата Божја, како што и јас им угодувам на сите во сѐ и не ја барам својата полза, туку користа на многуте, за да се спасат тие. Угледајте се на мене, како што и јас на Христа! Ве пофалувам, браќа, дека сѐ мое помните и ги држите заповедите така, како што сум ви ги предал. Сакам уште да знаете дека глава на секој маж е Христос; а на жена глава е мажот; на Христа, пак, глава е Бог. Секој маж, кој се моли или пророкува со покриена глава, ја срамоти својата глава; и секоја жена, која се моли или пророкува гологлава, ја срамоти главата своја, зашто сеедно е – како да е истрижена. Ако жената не сака да се покрива, тогаш нека се стриже; ако, пак, е срамно жена да се стриже или бричи, тогаш нека се покрива. И така, мажот не треба да ја покрива главата своја, зашто е образ и слава Божја, а жената е слава на мажот. Оти не е мажот од жената, туку жената од мажот; и мажот не е создаден за жената, туку жената за мажот; Затоа жената треба да има на главата своја знак од власта на мажот над неа – поради ангелите. Но сепак, ниту мажот без жената, ниту жената без мажот ги бива во Господа. Оти, како што е жената од мажот, така е и мажот преку жената; а сѐ е од Бога. Размислете сами во себе: прилично ли е жена да Му се моли на Бога гологлава? Нели и самата природа ве учи дека е срамно за мажот да има долга коса? Но, ако жената си ја остави косата, тоа е чест за неа, бидејќи косата ѝ е дадена место покривало. Но, ако некој сака да се препира, ние немаме таков обичај, ниту црквите Божји. А заповедајќи ви го ова, не ве фалам дека не за подобро, туку за полошо се собирате. Прво, пак, слушам дека, кога се собирате в црква, се појавуваат расцепи помеѓу вас, во што донекаде верувам. А потребно е меѓу вас да има и раздори, за да се истакнат подостојните меѓу вас. Но, собирајќи се така заедно, не значи дека јадете вечера Господова; зашто секој брза да ја изеде својата вечера пред другите, така што еден останува гладен, а друг се опива. Немате ли куќи за да јадете и пиете? Или ја презирате црквата Божја и ги срамотите оние, што не се имотни? Што да ви речам? Да ве пофалам ли за тоа? Не пофалувам! А јас го примив од Господа она, што ви го предадов; а тоа е дека Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб, и, откако заблагодари, го прекрши и рече: »Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас; правете го ова за спомен Мој!« По вечерата, исто така, зеде и чаша, па рече: »Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв; ова правете го, кога ќе пиете за Мој спомен!« Оти, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господа, додека Он не дојде. Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господа. Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово. Па затоа меѓу вас има многу немоќни и болни, а мнозина и умираат. Оти, ако бевме се испитувале сами себе, тогаш немаше да бидеме осудени. Но судејќи нѐ, Господ нѐ накажа, за да не бидеме осудени заедно со светот. Затоа, браќа мои, кога се собирате на јадење, чекајте се еден со друг. Ако е, пак, некој гладен, нека јаде дома, за да не се собирате за осудување. А другото ќе го наредам, кога ќе дојдам. А за духовните дарови, не сакам, браќа, да не знаете. Знаете дека, кога бевте незнабошци, се влечевте при немите идоли, како да ве водеа. Затоа ви кажувам дека никој, кој зборува преку Божјиот Дух, не фрла анатема на Исуса, и никој не може да Го нарече Исуса Господ, освен преку Светиот Дух. Постојат разни дарови, но Духот е еден и ист; има разни служби, но Господ е еден и ист; и разни сили постојат, но Бог е еден и ист, Кој врши сѐ во сѐ. А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза; оти, на еден му се дава преку Духот збор на мудрост, на друг – збор на знаење, преку истиот Дух; на еден – вера, преку истиот Дух; на друг – дар за лекување, преку истиот Дух; на еден – да чини чуда, на друг – да пророкува, на еден – да ги разликува духовите, на друг – разни јазици, на трет – да толкува јазици. Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака. И како што е телото едно, а има многу органи, и сите органи од тоа тело, па колку и да се тие, едно тело се, – така и Христос. Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело – било Јудејци или Елини, било робови или слободни; и сите сме со еден Дух напоени. Оти и телото не се состои од еден орган, туку од многу. Ако ногата рече: бидејќи не сум рака, не сум од телото, зар само заради тоа таа не е од телото? И ако увото рече: бидејќи не сум око, не сум од телото, зар поради тоа увото не е од телото? Ако целото тело би било око, тогаш каде ќе е слухот? Кога целото би било слух, тогаш каде е мирисањето? Но Бог ги наредил органите, секој од нив во телото така, како Му било угодно. Ако сите тие би биле само еден орган, тогаш каде е телото? А сега се, пак, многу органи, но сепак едно тело. И не може окото да ѝ рече на раката: »Не си ми потребна«, ниту, пак, главата на нозете: »Не сте ми потребни«. Напротив, оние органи од телото, кои ни изгледаат послаби, се многу попотребни; и на оние членови на телото, за кои сметаме дека се понеугледни, им оддаваме повеќе чест; и нашите понеугледни органи имаат поголема чест: угледните, пак, органи немаат потреба од чест. Но Бог го направи и телото така, што на најнезначајните органи им дал најголема чест, за да нема расправии во телото, а органите подеднакво да се грижат едни за други. А кога страда еден орган, тогаш страдаат сите органи; и кога се слави еден од органите, тогаш со него се радуваат сите органи. Вие сте телото Христово, а поодделно – членови. И едни од вас Бог постави во Црквата прво апостоли, второ пророци, трето учители; потоа даде дарби за чудеса и исцелување; па застапници, управници и луѓе што зборуваат на разни јазици. Та сите ли се апостоли? Сите ли се пророци? Сите ли се учители? Сите ли се чудотворци? Сите ли имаат дарби да лекуваат? Сите ли зборуваат на разни јазици? Сите ли се толкувачи? Покажувајте ревност за поголеми дарби; а јас ќе ви покажам уште подобар пат. Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи. Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува, сѐ извинува, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ претрпува. Љубовта никогаш не престанува, а другото, ако се пророштва, ќе престанат; ако се јазици – ќе замолкнат; ако се знаења – ќе исчезнат. Оти по нешто знаеме и по нешто пророкуваме; а кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното. Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детинското. Сега гледам нејасно како во огледало, а тогаш – лице во лице; сега знам нешто, а тогаш ќе знам како што сум познат. А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта. Стремете се кон љубовта; ревнувајте за духовните дарови, а особено да пророкувате. Оти оној, кој зборува на јазик непознат, тој не им зборува на луѓе, туку на Бога; бидејќи никој не го разбира, а со Духот кажува тајни; кој, пак, пророкува, тој им зборува на луѓето за поука, утеха и утврдување. Кој зборува на непознат јазик, тој се поучува сам; а кој пророкува, тој ја поучува Црквата. Но јас би сакал сите вие да зборувате на разни јазици, а уште повеќе да пророкувате: оти, кој пророкува, е поголем од оној, кој зборува јазици – освен ако и ги толкува, та Црквата да добие поука. А сега, ако дојдам при вас, браќа, и ви зборувам на разни јазици, каква полза ќе имате од мене, кога не ви се објаснува било со откровение, било со познавање, било со пророкување, било со поука? И бездушните предмети, како свирката или гуслата, што даваат глас, ако не даваат разни гласови, како ќе се разбере што се свири или гуди? Оти, ако трубата не дава разбирлив глас, тогаш кој ќе се готви за битка? Така и вие, ако со јазикот свој не изговарате разбирливи зборови, како ќе се разбере она што го зборувате? Ќе зборувате во ветар. Во светот има кој знае колку разни зборови, и ниеден од нив не е без значење. Ако, пак, не го разбирам значењето на тие гласови, тогаш за оној што зборува ќе бидам странец, а и тој за мене туѓинец. Така и вие, бидејќи сте ревнители за духовни дарови, грижете се да ги добиете во изобилност, за поука на Црквата. Затоа, оној што зборува на стран јазик, нека се моли за дар да може да го толкува. Оти, ако се молам на непознат јазик, се моли мојот дух; умот, пак, мој останува бесплоден. Па што да се прави? Ќе Му се молам со дух, ќе се молам и со ум; ќе Го фалам Бога со дух, ќе Му пеам и со ум. Зашто, ако благословуваш со дух, како ќе рече »амин« на твојата благодарност простиот човек, кога не разбира што велиш? Ти благодариш добро, но другиот не се поучува. Му благодарам на Мојот Бог, оти од сите вас зборувам повеќе јазици; но в црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик. Браќа, по умот немојте да бидете како деца; за злото бидете младенци, а по умот зрели. Во Законот е напишано: »На туѓи јазици и со туѓа уста ќе му зборувам на овој народ, но и така нема да ме послуша, вели Господ.« Затоа јазиците се знак не за оние што поверувале, туку за оние што не поверувале; пророштвата, пак, не за оние што не веруваат, туку за оние што веруваат. Ако, пак, целата Црква се собере на едно место и сите почнат да зборуваат на непознати јазици, а дојдат и прости луѓе или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе? Но, ако сите пророкуваат, а дојде некој прост човек или неверник, него сите ќе го изобличат и сите ќе го осудат, така што тајните на срцето ќе му се откријат, и тој, откако падне на колена, ќе Му се поклони на Бога и ќе рече: »Навистина, со вас е Бог«. Па што, браќа? Кога ќе се собирате, и секој од вас има – кој псалм, кој поука, кој јазик, кој откровение, кој толкување, – сѐ да се врши за поука. Ако некои зборуваат на непознат јазик, нека зборуваат по двајца, или најмногу тројца, и тоа по ред, а еден да толкува. Ако пак, нема толкувач, тогаш в црква да молчат, а нека си зборуваат во себеси и на Бога. Пророците, пак, да зборуваат по двајца и тројца, а другите да расудуваат. Но, ако некому што седи му дојде откровение, тогаш првиот нека замолчи. И така, еден по друг можете сите да пророкувате, та сите да се поучувате и сите да се утешувате. И пророчките духови им се покоруваат на пророците; оти Бог не е Бог на безредие, туку на мирот. Така е по сите цркви меѓу светиите. Жените ваши по црквите да молчат: ним не им е позволено да зборуваат, туку да се покоруваат, како што вели и Законот. Ако, пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат мажите свои дома; зашто срамно е жена в црква да зборува. Зар од вас излезе словото Божјо? Или, пак, само до вас стигна? Ако некој мисли дека е пророк или исполнет со дух, нека разбере дека ова што ви го пишувам се Господови заповеди. А кој не разбира, нека не разбира. И така, браќа, грижете се да пророкувате, но не забранувајте да се зборува и на разни јазици. Сѐ да се врши како прилега и уредно. Браќа, ви напомнувам за Евангелието, Кое ви го проповедав а Кое вие го примивте и во Кое стоите. Преку Него и се спасувате, ако Го држите како што ви проповедав, освен ако не сте поверувале напразно. Ви го предадов најнапред она, што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата; дека Он беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата, и дека му се јави на Кифа и потоа на единаесетте; после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа; потоа му се јави на Јакова и на сите апостоли, а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче, зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква. Со благодатта на Бога сум тоа што сум, и Неговата благодат, која е во мене, не остана празна, но повеќе се потрудив од сите нив; само не јас, туку Божјата благодат, која е со мене. И така, било јас, или тие, така проповедаме, и вие така поверувавте. И кога за Христа се проповеда дека воскреснал од мртвите, како тогаш некои помеѓу вас велат дека немало воскресение на мртвите? А штом нема воскресение на мртвите, тогаш и Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера. При тоа, ако навистина мртвите не воскреснуваат, ние излегуваме како лажни сведоци Божји, бидејќи сведочевме за Бога дека Го воскреснал; оти, ако мртвите не воскреснуваат, и Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, суетна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови; тогаш и оние, што умреле за Христа, загинале. И, ако само во овој живот се надеваме на Христа, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе. Но, ете, Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените. Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите стана преку човек. И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат; но, секој по својот ред: прв е Христос; потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови. А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството, односно кога ќе уништи секое началство, секоја власт и сила. Бидејќи Он треба да царува »додека не ги стави под нозете Свои сите непријатели.« А најпоследниот враг за уништување е смртта, зашто »сите ги покори под нозете Негови«; а што се вели »дека сѐ Му е Нему покорено«, очевидно е, освен Оној, Кој што Му потчини сѐ. Кога, пак, ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Овој, Кој Му потчини сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ. Инаку, што ќе направат оние, кои се крштаваат, верувајќи во воскресение на мртвите, ако воопшто мртвите не воскреснуваат? Кога мртвите не воскреснуваат, зошто тие тогаш се крштаваат, верувајќи во воскресение на мртвите? Зошто, пак, и ние секој час се подложуваме на опасност? Секој ден умирам, браќа, жими пофалбата ваша, која ја имам во Христа Исуса, нашиот Господ. Кога во Ефес, човечки да речам, се борев со ѕверови, тоа што полза имам, штом мртвите не воскреснуваат? »Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме!« Не лажете се: »Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи!« Освестете се еднаш како треба, па не грешете! Оти некои од вас не знаат за Бога – за ваш срам го велам ова. Но ќе рече некој: како ќе воскреснат мртвите и во какво тело ќе дојдат? Безумниче, тоа што го сееш ти, нема да оживее, ако не умре. А кога сееш, не го сееш телото, кое ќе стане, туку голо зрно, било пченично или друго некое; но Бог му дава тело, какво што сака, и на секое семе негово сопствено тело. Не е секое тело исто со друго тело: друго е телото на човек, друго е телото на животно, друго на риба, друго на птица. Има тела небесни и тела земни, но друг е болскотот на небесните и друг на земните; еден е болскотот на сонцето; друг е болскотот на месечината, инаков е, пак, на ѕвездите; па и ѕвезда од ѕвезда по болскотот се разликува. Такво е и воскресението на мртвите: се сее за распаѓање; воскреснува во нераспаѓање; се сее во бесчест – воскреснува во слава; се сее во немоќ – воскреснува во сила; се сее тело душевно – воскреснува тело духовно. Има тело душевно, има и тело духовно. Па така е и напишано: »Првиот човек Адам стана жива душа«, а последниот Адам – животворен дух. Но не иде прво духовното, туку душевното, а потоа духовното. Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небото. Каков е земниот, такви се и земните; и каков е Небесниот, такви се и небесните; и како што го носиме обликот на земниот, така ќе го носиме и образот на Небесниот. А ова ви го велам, браќа, дека телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо, ниту распадливоста ја наследува нераспадливоста. Еве, тајна ви кажувам; сите нема да умреме, но сите ќе се измениме, одеднаш, во еден миг, при последната труба; ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме; зашто распадливото треба да се облече во нераспадливо, а смртното – да се облече во бесмртно. А кога распадливото се облече во нераспадливост, и смртното – во бесмртност, тогаш ќе се збидне зборот напишан: »Победата ја проголта смртта«. Смрт, каде ти е осилката? Пеколу, каде ти е победата? Осилката на смртта е гревот, а силата на гревот е Законот. Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос. И така, браќа мои возљубени, бидете цврсти, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господа нема да биде залуден. А што се однесува до собирањето милостиња за светиите, правете и вие онака, како што уредив по црквите во Галатија: во секој прв ден од седмицата секој од вас да оддели и остави при себеси колку што може, така што собирањето да не се врши кога ќе дојдам. А кога ќе дојдам, оние што ќе ги предложите, нив со писма ќе ги испратам, за да ја однесат вашата милостиња во Ерусалим. Ако, пак, се најде за сходно да отидам и јас, тогаш ќе појдат со мене. Ќе дојдам при вас, откако пропатувам по Македонија, оти ќе минам преку Македонија. А можеби при вас и ќе се задржам, па дури и да презимувам, та вие да ме придружувате насекаде, каде што ќе одам. Оти не сакам сега веќе да ве видам само патем; а се надевам, ако позволи Господ, меѓу вас да поминам некое време. А во Ефес ќе останам до Педесетница, зашто за мене се отвори голема и за работа погодна врата, а противниците се многу. Ако, пак, дојде Тимотеј, гледајте помеѓу вас да биде во безопасност; зашто тој го врши делото Господово како и јас. Никој да не го унизи, туку испратете го со мир, та да дојде при мене, оти го очекувам со браќата. А што се однесува до братот Аполос, многу го молев да дојде при вас со браќата; но, навистина, не сакаше сега да дојде, а ќе дојде, кога ќе му биде згодно. Бидете бодри, стојте во верата, бидете мажествени, бидете крепки; кај вас сѐ да станува со љубов. Ве молам уште, браќа: знаете дека домот на Стефанин е почеток во Ахаја и дека се определи да им служи на светиите. Покорувајте им се и вие на такви и на секого, кој што помага и се труди! Се радувам дека дојдоа Стефанин, Фортунат и Ахаик: тие го пополнија вашето отсуство, зашто го успокоија духот мој и ваш. Почитувајте ги таквите! Ве поздравуваат азиските цркви; многу ве поздравуваат Акила и Прискила со својата домашна црква. Ве поздравуваат сите браќа. Поздравете се еден со друг со свет целив! Ве поздравувам јас, Павле, своерачно. А оној што не Го љуби Господа Исуса Христа, нека биде проклет, маран-ата. Благодатта на Господа Исуса Христа нека биде со вас, и љубовта моја со сите вас во Христа Исуса. Амин! Павле, апостол на Исуса Христа по волја Божја, и братот Тимотеј, до црквата Божја во Коринт заедно со сите светии по цела Ахаја: благодат и мир од Бога Отецот наш, и Господа Исуса Христа! Благословен нека е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отец на милосрдноста и Бог на секоја утеха, Кој нѐ утешува при секоја наша мака, та и ние да можеме да ги утешиме оние што се наоѓаат при секаква мака, со онаа утеха, со која Бог нѐ утешува нас самите! Оти, како што се умножуваат Христовите страдања во нас, така се умножува и утехата наша преку Христа. Ако сме во мака, за ваша утеха е и спасение, кое е можно само така, кога ги претрпувате истите страдања, што ги трпиме и ние; а и надежта наша за вас е тврда. Се утешуваме ли, се утешуваме за ваша утеха и спасение, знаејќи дека како што учествувате во нашите страдања, така ќе бидете учесници и во утехата. Браќа, не сакаме да ја затаиме маката, што ни се случи во Азија; бидејќи бевме оптоварени многу, дури и преку нашите сили, ние не се надевавме ни живи да останеме. Туку сами во себеси ја носевме смртната пресуда, за да не се надеваме на себеси, а на Бога, Кој ги воскреснува мртвите, Кој нѐ избави од таква страшна смрт, а и уште нѐ избавува, на Кого се надеваме дека и понатаму ќе нѐ избавува; па со помошта и на вашата молитва за нас многу луѓе да Му благодарат на Бога за даровите што ни се дадени поради вас. Бидејќи е нашата пофалба: сведоштво на нашата совест дека во простота и искреност пред Бога, а не со телесна мудрост, туку со Божја благодат живеевме на светот, особено, пак, меѓу вас. Оти друго не ви пишуваме, освен она, што го читате и разбирате, па се надеваме дека и до крај ќе го разбирате. Како што веќе донекаде и разбравте дека ние сме ваша пофалба, како и вие наша, во денот на нашиот Господ Исус Христос. И во таа увереност се готвев да дојдам при вас порано, та повторно да примите благодат, и преку вас да заминам за Македонија, а од Македонија пак да дојдам при вас, та вие да ме придружите до Јудеја. Но, како го готвев ова вака, можеби лесномислено постапив? Или, пак, што се наканував, по телото ли се наканував, та моето »да« да биде и »не?« Но Бог е сведок дека нашиот збор до вас не беше »да« и »не«. Зашто Синот Божји, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас јас и Силуан и Тимотеј, не беше »да« и »не«, туку во Него беше »да«, бидејќи сите ветувања Божји во Него се »да«, и во Него »амин«, за слава Божја преку нас. Бог е Оној, Кој нѐ утврди со вас во Христа и нѐ помаза; Он и нѐ запечати и ни даде залог на Духот во срцата наши. А јас Го повикувам Бога за сведок на мојата душа, дека, штедејќи ве вас, не дојдов во Коринт досега; но не како ние да владееме со верата ваша, туку сме помагачи на вашата радост, бидејќи во верата вие сте тврди. И така, решив во себеси да не доаѓам при вас со жалост, зашто, ако јас ве нажалам, тогаш кој ќе ме зарадува, ако не оној, кого сум го ожалостил? Тоа исто и ви го напишав, та, кога ќе дојдам, да не ме огорчат оние, кои треба да ме зарадуваат; бидејќи сум уверен во сите вас дека мојата радост е радост и за сите вас. Оти од многу грижи и од тага на срцето ви напишав со многу солзи, не за да ве огорчам, туку за да ја познаете преголемата љубов, што ја имам кон вас. Ако ли, пак, некој ме ожалости, тоа не ме ожалостил мене, а донекаде, да не претерам, сите вас. Оти доволна казна е ова за таков од мнозинството; така што за вас е подобро да му простите и да го утешите, за да не пропадне од преголема жалост; затоа ве молам кон него да покажете љубов. Зашто со таква цел и ви напишав, со обид да узнаам дали сте во сѐ послушни. А кому вие ќе му простите за нешто, нему ќе му опростам и јас; оти јас, ако сум простил некому нешто, сум му простил поради вас во името на Исуса Христа, за да не земе сатаната предимство над нас: бидејќи неговите замисли ни се извесни. Кога дојдов во Троада да го проповедам Евангелието Христово, и вратата ми беше отворена во името Господово, духот мој немаше спокој, бидејќи таму не го најдов мојот брат Тит; и откако се простив од нив, заминав за Македонија. Но да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Исуса Христа, и преку нас го шири мирисот насекаде, по кој Го познаваме самиот Него. Зашто ние сме Христов мирис пред Бога за оние, кои се спасуваат, и за оние, кои гинат; на едните сме смртоносен мирис за смрт, а на другите животворен мирис за живот. И за ова кој е способен? Оти ние не го изопачуваме словото Божјо, како мнозина, а го проповедаме искрено, како од Бога, пред Бога, во Христа. Пак ли ќе почнеме сами да се фалиме пред вас? Или ни се потребни, како на некои, препорачувачки писма до вас или од вас? Вие сте нашето писмо, напишано во нашите срца, кое го познаваат и читаат сите луѓе; вие се јавувате како Христово писмо, составено преку нашата служба, напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку врз телесни плочки на срцето. Таква сигурност во Бога имаме преку Христа, но не дека сме способни да помислиме нешто, како од себе: напротив, нашата способност доаѓа од Бога. Он ни дал способност да бидеме слуги на Новиот завет, не на буквата, туку на Духот; зашто буквата убива, а Духот оживотворува. Ако, пак, служењето на смртта со букви, издлабени во камења, беше така славно, што синовите Израилеви не можеа да погледаат во лицето на Мојсеја, поради преодниот сјај на неговото лице, тоа како ли нема да биде славно служењето на Духот! Оти, ако служењето на осудувањето е славно, тогаш служењето на оправданието е многу поизобилно со слава. И не е славно она што се прослави тогаш спрема преголемата слава. Оти, кога е славно она што престанува, тоа во многу поголема слава ќе биде она што останува. Имајќи, пак, таква надеж, ние дејствуваме со голема слобода, а не како Мојсеј што ставаше покривало на лицето свое, за да не можат синовите Израилеви да го видат крајот на она што останува. Но умовите нивни заслепеа, бидејќи и до ден денес, кога се чита Стариот завет, покривалото стои несимнато, зашто Христос го симнува. Па и до ден денес, кога се чита Мојсеј, покривалото им лежи на срце. Но, кога ќе се обрнат кон Господа, покривалото им се симнува. А Господ е Дух; а каде што е Духот Господов, таму има слобода. Ние, пак, сите со откриено лице, гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме во ист образ, од слава во слава, како што доаѓа Духот Господов. Затоа, имајќи го по милоста Божја ова служење, ние со духот не паѓаме; но се одрековме од тајните срамни дела за да не живееме во лукавство, ниту да го изопачуваме словото Божјо, туку со јавувањето на вистината да се покажеме на секоја човечка совест пред Бога. Ако, пак, е покриено нашето благовестие, тоа е покриено за оние што гинат; ним богот од овој свет им ги заслепил умовите нивни, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христа, Кој е образ на невидливиот Бог. Оти ние себе не проповедаме, туку Христа Исуса Господа; што се однесува, пак, до нас, ние сме ваши слуги поради Исуса. Оти Бог, Кој некогаш заповеда од темнината да изгрее светлина, Он ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исуса Христа светло. Но таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да Му се оддава на Бога, а не нам. Во сѐ сме навредувани, но не сме притеснети; во тешкотии сме, не губиме надеж; нѐ гонат, но не сме изоставени; нѐ кутнуваат, но ние не загинуваме. И секогаш во телото наше ја носиме смртта на Господа Исуса, така што и животот Исусов да се открие во телото наше. Зашто ние, живите, постојано се изложуваме на смрт заради Исуса, та и животот Исусов да се открие во нашето смртно тело, така што смртта да дејствува во нас, а животот – во вас. Имајќи го, пак, тој ист дух на верата, како што е напишано: »Поверува и затоа зборува«, и ние веруваме, па затоа и зборуваме, знаејќи, дека Кој го воскресна Господа Исуса и нас ќе нѐ воскресне преку Исуса и ќе нѐ постави со вас. Зашто сѐ е заради вас, та благодатта, откако се преумножи, преку мнозина да произведе уште поголема благодарност за славата Божја. Затоа ние не паѓаме со духот; но, ако нашиот надворешен човек тлее, внатрешниот од ден на ден се подновува. Зашто нашите сегашни лесни страдања ни донесуваат во голема изобилност вечна и полна слава, имајќи го предвид не видливото, туку невидливото, бидејќи видливото е времено, а невидливото – вечно. Знаеме дека, кога земното живеалиште на нашето тело, кое е како шатор, се разруши, тогаш имаме од Бога дом, куќа неракотворна, вечно живеалиште на небесата. Затоа и воздишуваме, копнеејќи да се облечеме во своето небесно живеалиште; само, да не би и облечени, да се најдеме голи. Оти, ние кои се наоѓаме во овој шатор, воздишуваме обременети; бидејќи не сакаме да се соблечеме, туку да се преоблечеме, та животот да го проголта смртното. А Бог, Кој нѐ создаде токму за ова, ни даде и залог на Духот. И така, секогаш сме спокојни, зашто знаеме дека, додека живееме во телото, ние се оддалечуваме од Господа, бидејќи според верата живееме, а не според гледањето. Но не се плашиме и сакаме што поскоро да го напуштиме телото и да се прибереме при Господа. Па затоа и усрдно се грижиме да Му бидеме угодни, било кога живееме во телото, било кога го напуштаме; зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло. И така, знаејќи го стравот од Господа, ние ги вразумуваме луѓето, а за Бога сме јавни: се надеваме дека сме познати и на вашите совести. Не се фалиме, пак, пред вас, туку ви даваме повод, вие да се фалите со нас, та да има, што да им речете на оние, кои се фалат по лице, а не по срце. Ако сме претерале во пофалбите свои, тоа е заради Бога; ако сме умерени, тоа е поради вас. Бидејќи љубовта Христова нѐ гони да размислуваме за ова дека, кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени. А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив и воскресна. Затоа ние отсега никого не познаваме по тело; иако Христа Го познаваме по телото, но сега веќе не Го познаваме. И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сѐ стана ново. А сѐ е од Бога, Кој нѐ измири со Себе преку Исуса Христа и ни го даде служењето на тоа измирување. Оти Бог го измири светот со Себе преку Христа, не земајќи ги предвид гревовите на луѓето, и го вложи во нас словото на измирување. Па така, ние сме пратеници место Христа, како Бог да зборува преку нас. Ве молиме во името на Христа: помирете се со Бога! Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Он место нас Го направи грев, та преку Него да станеме правда Божја. Бидејќи сме соработници Христови, ние ве молиме, да не ја примате напразно благодатта Божја. Зашто е речено: »Во благопријатно време те чув и во денот на спасението ти помогнав«. Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението! Никому никаков повод не даваме, за да не се напаѓа нашата служба, туку во сѐ се препорачуваме за служители Божји, со големо трпение, во неволи, во нужди, во тескоби, при рани, во темници, во скитања, во напори, во бденија, во пости, со чистота, со знаење, со долготрпеливост, со добрина, со Духот Свети, со нелицемерна љубов, со проповед на вистината, со сила Божја, со оружјето на правдата во десна и во лева рака, при чесност и бесчесност, при укори и пофалби; нѐ сметаат за измамници, а ние сме вистинити; за непознати, а добро сме познати; нѐ држат како да сме на умирање, а еве – живи сме; нѐ казнуваат, но не можат да нѐ умртват; нѐ нажалуваат, а ние сме секогаш весели; нѐ сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а сѐ имаме. Устата наша е отворена за вас, Коринтјани, и срцето наше се раширува. Вам не ви е тесно со нас, но тесно ви е во срцата ваши. За еднаква отплата ви зборувам како на чеда: бидете и вие широки. Не впрегнувајте се заедно со неверниците; зашто, какво општување постои меѓу правдата и беззаконието? Што воопшто има меѓу светлината и темнината? Какво согласие може да има меѓу Христа и Велијар? Или, што општо има меѓу верник и неверник? Каква сличност има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: »Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.« »Затоа излезете од нивната средина и одделете се!« Вели Господ, и »Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам! И јас ќе ви бидам Отец, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки«, вели Господ Седржителот. И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секаква скверност на телото и на духот, па да твориме дела свети и со страв Божји. Примете нѐ во срцата ваши: никому не направивме лошо; никого не упропастивме, ниту, пак, некого искористивме. Ова не го зборувам за осудување, оти пред малку реков дека сте во срцата наши, за да умреме и да живееме заедно. Многу слободно зборувам кон вас, многу се фалам со вас; се исполнив со утеха, преизобилувам со радост покрај сите наши маки. Оти, кога дојдовме во Македонија, никаков мир немаше телото наше; во сѐ бевме во маки; однадвор напади, одвнатре страв. Но Бог, Кој ги утешува смирените, нѐ утеши со доаѓањето на Тит. И не само со неговото доаѓање, но и со утехата, со која се беше утешил тој поради вас, прикажувајќи ни за вашиот копнеж, за вашиот плач, за вашата ревност кон мене, така што јас уште повеќе се зарадував. Оти, ако сум ве и ожалостил со посланието, не се кајам, иако се каев; бидејќи гледам дека тоа послание ве ожалостило само за малку време. Сега се радувам не затоа што се нажаливте, но дека се нажаливте за покајување, оти се наскрбивте по Бога, та никаква штета да не претрпите од нас. Бидејќи скрбта по Бога предизвикува неопходно покајување за спасение, а световната мака доведува до смрт. Зашто, ете, тоа што се нажаливте по Бога, каква усрдност предизвика во вас, какво извинување, какво негодување, каков страв, каков копнеж, каква ревност, каква одмазда! Со сѐ покажавте дека во тоа дело сте чисти. И така, ако и ви напишав, тоа го направив не поради оскрбителот, ниту поради оскрбениот, туку за да стане позната нашата грижа за вас пред Бога. Затоа се утешивме со вашата утеха, а уште повеќе се зарадувавме со радоста на Тит, затоа што сите вие сте му го успокоиле духот. И затоа, што јас не се посрамив, кога со некои работи се пофалив за вас пред него; но, како што секогаш пред вас сме ја зборувале вистината, така и пофалбата пред Тит ни излезе вистинска. Голема е неговата срдечна љубов кон вас, кога ќе се сети за послушноста на сите вас, како со трепет и страв сте го примиле. И така, се радувам дека во сѐ можам да се поверам на вас. Браќа, ве известуваме за благодатта Божја, дадена на црквите македонски, дека при поднесувањето на многу маки нивната радост беше изобилна; и при својата голема сиромаштија покажаа големо богатство на својата добродушност, зашто според можностите нивни, јас сум сведок, а и преку нив, тие даваа доброволно; нѐ молеа необично многу, да го примиме нивниот дар и учеството во прислужувањето на светиите; и тоа не како што се надевавме, туку тие најнапред сами себе Му се предадоа на Господа, а потоа и на нас, по волјата Божја. Затоа го замоливме Тит, онака како што беше почнал порано, така и при вас да го заврши тоа добро дело. И како што сѐ изобилува во вас: верата и словото, разумот и секоја усрдност и љубовта ваша кон нас, така нека изобилува во вас и таа добродетел. Ова ви го велам не како заповед, туку преку усрдноста на другите да ја испитам искреноста и на вашата љубов. Бидејќи вие ја знаете милоста на нашиот Господ Исус Христос дека Он, бидејќи богат, осиромаши поради вас, та и вие да се збогатите преку Неговата сиромаштија. А со ова ви давам совет, зашто тоа е полезно за вас, кои не само го правевте, туку и почнавте да сакате да го правите уште од минатата година. А сега довршете го започнатото дело, та, како што имаше усрдност во вашето барање, така усрдно нека биде и неговото довршување според средствата. Оти, ако некој има добра волја, мил е по она што го има, а не по она што го нема. Зашто не сакам на другите да им биде лесно, а вам – тешко, туку подеднакво: сегашниот ваш одвишок да го дополни нивниот недостиг, та и нивниот одвишок да послужи за вашиот недостиг, па да има еднаквост, како што е напишано: »Кој собрал многу, немал одвишок; и кој малку, немал недостиг«. Да Му благодариме на Бога, Кој во срцето на Тит вложи таква грижа за вас. Вистина, јас го молев, но тој, бидејќи многу ревносен, доброволно тргна кон вас. Со него испративме еден брат, пофалуван за неговото благовестие по сите цркви; и не само тоа, туку и избран од црквите, за да нѐ придружува во тоа добро дело, на кое му служиме за слава на Самиот Господ и за вашата добра волја, пазејќи се, да не би некој да нѐ укори поради обилните приноси, за чие собирање се грижиме ние. Оти ние се трудиме за доброто не само пред Господа, туку и пред луѓето. Со нив го испративме и нашиот брат, чија ревност многупати сме ја испитале во многу работи, и кој сега е уште поревносен поради големата увереност во нас. Што се однесува до Тит, тој е мој другар и сотрудник помеѓу вас; а по однос на нашите браќа, тие се пратеници на црквите. Христова слава. И така, посведочете им ја вашата љубов и пофалбите наши за вас, како ним, така и пред црквите. Во врска со помагањето на светиите сметам дека не треба да ви пишувам, зашто ја знам вашата ревност, за која се фалам со вас пред Македонците дека Ахаја приготвила помош уште од лани; и вашата ревност поттикна мнозина. А браќата ги испратив, та да не би нашата пофалба за вас да излезе овој пат напразно, туку како што зборував, бидете приготвени. Па, ако дојдат со мене Македонци и ве најдат неприготвени, да не би да останеме посрамени ние – за да не велиме вие, откако ве пофаливме со таква увереност. Затоа сметав за потребно браќата да ги замолам да дојдат лично кај вас и да се погрижат порано, така што најавената ваша милостиња да се покаже како плод на благослов, а не на лакомство. Ова, пак, ви го велам: кој скржаво сее, скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее. Секој да дава од сѐ срце, а не со жал или принуда; оти Бог го љуби оној што од срце дава. А Бог е силен да умножи во вас секаква благодат, та, имајќи секогаш доволно сѐ, да бидете од сѐ срце дарежливи во секое добро дело, како што е напишано: »Растури, им даде на сиромашните; правдата Негова останува вечна«. А Оној, Кој му дава на сеачот семе, ќе му даде и леб за храна; Он ќе го умножи и семето ваше, и ќе ви даде да израсте житото на вашата правда, па во сѐ да се збогатите за секаква дарежливост, која преку нас предизвикува благодарност кон Бога. Бидејќи извршувањето на таа служба не само што ги надополнува недостатоците на светиите, туку и во мнозина предизвикува обилна благодарност кон Бога; и тие, користејќи ги плодовите од таа служба, Го прославуваат Бога за вашето покорно признавање на Евангелието Христово, и за простосрдечната заедница, со нив и со сите други; и се молат за вас, бидејќи многу ве сакаат, за преизобилната благодат Божја во вас. Да Му благодариме на Бога за Неговиот неискажан дар! Ја, самиот Павле, смирен кога сум лично меѓу вас, а слободен, кога сум далеку од вас, ве убедувам со Христовата кротост и благост. Ве молам, кога ќе бидам при вас, да бидете такви што да нема потреба да бидам така смел, каков што мислам да бидам спрема некои, кои за нас мислат оти постапуваме по телото. Зашто, иако во тело одиме, телесно не се бориме. Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја е силно да разрушува тврдини; со него ние уништуваме мудрувања, и секое превознесување, што се крева против познавањето на Бога, и поробување секој разум, за да Му биде покорен на Христа; и спремни сме да казниме секаква непослушност, кога ќе се изврши вашата послушност. На надворешноста ли гледате? Кој е уверен во себе дека е Христов, нека суди, пак, од себе, оти, како што е тој Христов, така сме и ние Христови. Бидејќи, ако и нешто повеќе да се пофалам со нашата власт, која ни ја даде Господ за вашето издигање, а не назадување, нема да се посрамам. Но, никој нека не помисли дека преку посланијата ве заплашувам, бидејќи во посланијата свои, ќе рече некој, тој е строг и силен, но при личното присуство меѓу нас слаб; проповедта негова ништо не вреди. Таквиот нека знае дека какви сме во зборовите во посланијата свои, кога отсуствуваме, такви сме и на дело, кога присуствуваме. Зашто не смееме да се вбројуваме или да се споредуваме со некои од оние, што сами се препорачуваат: тие не разбираат дека се споредуваат сами со себе и се мерат само со себе. Ние, пак, не без мерка ќе се пофалиме, туку според правилото на мерката што ни е определена од Бога, за да достигнеме дури и до вас. Оти ние не како нестигнати до вас се напрегаме, бидејќи достигнавме и до вас со Благовестието Христово; не фалејќи се преку мерка со туѓите напори, се надеваме дека премногу ќе се возвеличиме меѓу вас според делата наши, кога ќе порасте верата ваша, така што и подалеку од вас да го проповедаме Евангелието, а не да се фалиме со готовото во туѓ дел. Кој се фали, со Господа да се фали! Зашто, не оној, што се фали сам, е достоен, туку оној, кого што Господ го фали. Да го бевте истрпеле моето безумие! Но и истрпете ме! Оти за вас ревнувам со ревност Божја; зашто ве обручив за маж, за да ве претставам пред Христа како чиста девица. Но се плашам, да не би како што змијата со своето лукавство ја измами Ева, така и вашите мисли да се одвратат поради вашата простота во Христа; зашто, ако некој дојдеше да проповеда друг Исус, кого ние не сме го проповедале; или, ако добиевте друг дух, кого не сте го добиле, или друго благовестие, кое не сте го примиле, вие добро ќе го поднесевте. Но јас мислам дека во ништо не сум помал од врховните апостоли; иако сум прост во проповедта, во знаењето не сум. А насекаде и по сѐ сме ви добро познати. Погрешив ли што се понизував за да ве издигнам вас, бидејќи дарум ви Го проповедам Евангелието Божјо? Други цркви оштетив, добивајќи од нив издршка, та вам да ви служам, и додека бев при вас, иако бев во скудност, никому не дотегнав, оти немаштијата моја ја употполнија браќата, што дојдоа од Македонија. Па и во сѐ друго се пазев и ќе се пазам, да не ви бидам на товар. Како што е вистината Христова во мене, така и оваа пофалба нема да се одземе од мене во краиштата ахајски. А зошто? Затоа ли што не ве сакам? Бог знае! Но, она што го правам, ќе го правам, за да не им дадам повод на оние, кои бараат причина, та во она, за кое се фалат, да се покажат како ние. Оти таквите се лажни апостоли, лукави работници, кои се преобразуваат во Христови апостоли. И не е за чудење: бидејќи самиот сатана се преобразува во ангел на светлината; та затоа не е голема работа, ако и слугите негови му се преобразуваат како слуги на правдата; но нивниот крај ќе им биде според делата нивни. Велам пак: никој да не ме смета за безумен; ако ли не, барем како безумен примете ме, та и јас да имам со што да се пофалам. А она, што го зборувам, не го зборувам по Господа, туку како безумен, во овој вид пофалба. Бидејќи мнозина се фалат по телото, ќе се пофалам и јас. Оти вие, како мудри луѓе, љубезно ги примате безумните; вие ги поднесувате: ако некој ве натера да бидете слуги, ако некој ве јаде, ако некој од вас зема, ако некој се гордее, ако некој ве удира по образ. За срам зборувам: како да сме биле немоќни? Но ако некој се осмели, во безумство велам, ќе се осмелам и јас. Евреи ли се? И јас сум. Израилец ли е? И јас. Семе Авраамово ли се? И јас. Служители Христови ли се? Во безумство зборувам, јас сум повеќе. Повеќе се трудев, повеќе рани поднесов, повеќепати бев затворан во темница, и многупати на умирање. Од Јудејците примив петпати по четириесет без еден удар; трипати сум удиран со стапови, еднаш каменуван, трипати претрпев бродолом, и ноќ и ден поминав во длабочина; многупати сум патувал, сум бил во опасност од реки, во опасност од сонародници, во опасност од разбојници, во опасност од друговерци, во опасност по градови, во опасност по пустини, во опасност по море, во опасност меѓу лажни браќа; во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија. Освен надворешните непријатности, тука се уште и секојдневните напади против мене, како и грижата за сите цркви. Кој ослаби, и јас да не ослабам? Кој се соблазни, и јас да не се распалам? Ако треба да се фалам, со слабоста своја ќе се пофалам. Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој е благословен во веки, знае, дека не лажам. Во Дамаск управителот на цар Арета, друговерец, го пазеше градот Дамаск со стража, сакајќи да ме фати; и јас во кош бев спуштен и преку прозорец низ ѕид избегав од рацете негови. Да се фалам, немам полза, но ќе минам кон виденија и откровенија Господови. Знам еден човек во Христа, кој пред четиринаесет години, со тело ли, не знам; без тело ли, не знам: Бог знае, беше грабнат и однесен до третото небо. И знам дека тој човек, со тело ли, или без тело – не знам: Бог знае, беше грабнат и однесен во рајот и дека чул неискажливи зборови, кои што човек не може да ги искаже. Со таков човек ќе се пофалам; но со себеси нема да се пофалам, освен со моите слабости. Ако, пак, посакам да се фалам, нема да бидам безумен, зашто ќе кажам вистина; но јас се воздржувам, да не би некој да помисли за мене повеќе, отколку што во мене гледа, или од мене слуша. И, за да не превознесувам со премногу откровенија, во телото ми се даде трн, ангел сатанин, да ме боцка по лицето, та да не се превознесувам. Затоа трипати Го молев Господа да го отстрани од мене. Но Он ми рече: »Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила наполно се покажува во слабоста«. Затоа со многу поголема радост ќе се фалам со своите немоќи, за да се весели во мене силата Христова. Затоа добро ми е во слабостите, во навредување, во маки, во прогонување, во тага за Христа, оти кога сум слаб, тогаш сум силен. Станав безумен со фалбите свои: вие ме принудивте. Вие требаше да ме пофалите, зашто со ништо не сум подолен од врховните апостоли, иако сум ништо. Зашто белези апостолски се извршија меѓу вас во секое трпење, во знаци, чудеса и сили. Оти, по што станавте подолни од другите цркви, освен по она, што јас не ви дотегнав? Простете ми ја таа грешка! Еве, по третпат се готвам да дојдам при вас, и пак нема да паднам на ваш товар; оти јас не го барам вашето, туку вас: децата не се должни да собираат богатство за родителите, туку родителите за децата. А јас на драго срце сѐ ќе жртвувам и ќе се жртвувам себе за вашите души, иако, сакајќи ве премногу, вие многу помалку ме сакате. Но нека биде така! Јас не ви додевав; само бидејќи итар, ве добив на измама. Да не би да сум ве искористил преку оние, што ги испраќав при вас? Го замолив Тит, а со него го пратив и еден од браќата. Да не би Тит да ве исползувал во нешто? Не одевме ли со ист дух? Нели по истите стапки? Пак ли мислите дека пред вас се оправдуваме? Ние зборуваме пред Бога, во Христа, и сето тоа, возљубени, е за ваше издигање. Бидејќи се плашам, да не би, кога ќе дојдам да ве најдам не такви, какви сакам; а и вие да ме најдете таков, каков што не сакате: да не би меѓу вас да има кавги, завист, гнев, гордост, раздор, клевети, охолост, бунење; да не би пак, кога ќе дојдам при вас, да ме унизи мојот Бог, и да плачам за мнозина, кои погрешиле порано и не се покајале за нечистотијата, блудството и срамотата, што ги направиле. Ова е третпат како веќе доаѓам при вас: »Од устата на двајца или тројца сведоци ќе се потврди секој збор.« Порано реков и велам, како кога бев по вторпат, и сега, кога не сум при вас, им пишувам на оние што порано погрешија, и на сите други, дека, кога ќе дојдам пак, нема да штедам; вие барате докази за Христа, Кој зборува во мене; Он не е бессилен меѓу вас, туку е силен меѓу вас. Оти, иако по слабоста распнат, Он е жив по силата Божја; бидејќи сме и ние слаби во Него, но ќе бидеме живи со Него, преку силата Божја меѓу вас. Испитувајте се сами себе дали сте во верата! Сами испитувајте се! Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас? Освен, само ако сте недостојни. А за нас, се надеваме дека ќе разберете, оти ние не сме недостојни. Му се молиме на Бога да не правите никакво зло; не да се покажеме ние како достојни, туку вие да вршите добро, а ние како недостојни да останеме. Оти ние сме силни не против вистината, туку за вистината. Се радуваме кога ние слабееме, а вие јакнете. А за тоа и Му се молиме на Бога, за вашето усовршување. Овие работи ви ги пишувам, не наоѓајќи се при вас; па, кога ќе дојдам при вас, да не употребам строгост според власта, која ми ја даде Господ, за издигање, а не за растурање. И така, браќа, радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномислени, живејте во мир – и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас. Поздравете се еден со друг преку свет целив. Ве поздравуваат сите светии. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога и Отецот и заедништвото на Светиот Дух нека бидат со сите вас. Амин! Павле, апостолот, повикан ни од луѓе, ниту преку човек, туку преку Исуса Христа и Бога Отецот, Кој Го воскресна од мртвите, и сите браќа, што се со мене – до црквите во Галатија: благодат и мир на вас од Бога и Отецот и нашиот Господ Исус Христос, Кој се даде Себеси за нашите гревови, за да нѐ избави од сегашниот лукав век, по волјата на Бога и нашиот Отец, Кому нека е слава во веки веков. Амин! Се чудам дека така брзо се одвратувате од Оној, Кој ве повика преку благодатта Христова, и преминувате кон друго благовестие; не затоа што има друго евангелие, но има такви, што ве смутуваат и сакаат да го изопачат Благовестието Христово. Но дури и ние, или ангел од небото да ви благовестеше нешто друго од она, што ви благовестевме ние, нека биде анатема! Како што рековме порано, и сега пак велиме: оној што ви благовествува нешто поинаку од она што го примивте – нека биде анатема! Во луѓето ли сега барам благоволение, или во Бога? Или, пак, на луѓето ли сакам да им угодувам? Ако бев сакал да им угодувам на луѓето, немаше да бидам Христов слуга. Браќа, ве известувам дека Евангелието, кое јас Го благовестив, не е човечко, зашто ни јас го примив, ниту го научив од човек, а преку откровението на Исуса Христа. А сте слушале и за моето некогашно поведение во јудејството, дека прекумерно ја гонев Божјата црква, и ја разорував; и дека во јудејството напредував многу повеќе од мнозина мои врсници, бидејќи бев голем ревнител за татковските преданија. А кога Бог, Кој ме избра од утробата на мојата мајка и ме призва преку Својата благодат, благоволи во мене да Го открие Својот Син, за да благовествувам за Него меѓу иноверците – веднаш не го прашав ни телото, ниту крвта, ниту, пак, отидов во Ерусалим при оние, што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија и пак се вратив во Дамаск. А на три години потоа отидов во Ерусалим за да се видам со Петра, и останав при него петнаесет дена. Други, пак, од апостолите не видов освен Јакова, братот Господов. А за она што ви пишувам, еве, пред Бога велам дека не лажам. А потоа дојдов во земјите Сириски и Киликиски. На Христовите цркви во Јудеја лично не им бев познат, туку само беа слушале дека оној, кој некогаш нив ги гонел, сега ја проповеда верата, која што порано ја разорувал. И Го прославува Бога за мене. И на четиринаесет години потоа пак се искачив во Ерусалим со Варнава, откако го зедов со себе и Тит. А влегов по откровение и им го изложив на верните, посебно на највидните, Благовестието што Го проповедам кај незнабошците дека не трчам залудо или, пак, залудо сум трчал. Но и Тит, кој беше со мене, иако Елин, не беше принуден да се обреже. Што се однесува, пак, од лажните браќа, кои дојдоа и се вовлекоа да ја гледаат нашата слобода, која ја имаме во Христа Исуса, за да нѐ поробат, ним ни за час не се оставивме да нѐ покорат, та да се запази во вас вистината на Евангелието. А во врска, пак, со највидните – какви и да биле тие некогаш, мене ми е сеедно: Бог не го гледа човекот по лице – тие ништо не ми дадоа. Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е поверено да благовестам на необрезаните, како на Петра – на обрезаните, – оти Оној, Кој му помогна на Петра во апостолството меѓу обрезаните, ми помогна и мене меѓу незнабошците – и кога узна за благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои се броеја за столбови, ни ја подадоа мене и на Варнава раката и се согласија ние да отидеме при незнабошците, а тие – при обрезаните, порачувајќи ни само да ги помниме сиромасите, за кое се погрижив и точно да го исполнам. А кога дојде Петар во Антиохија, јас лично му се спротивставив, оти се беше изложил на осудување; бидејќи, пред да пристигнат некои од Јакова, тој јадеше заедно со незнабошците; а кога дојдоа, почна да се снебива и да се двои, плашејќи се од обрезаните. Заедно со него лицемереа и другите Јудејци, така што дури и Варнава така направи. А кога видов дека тие не постапуваат точно според евангелската вистина, му реков на Петра пред сите: кога ти, кој си Јудеец, живееш како незнабошците, а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да живеат јудејски? Ние сме родени како Јудејци, а не грешници од незнабошците. Откако узнавме дека човекот се оправдува не преку делата од Законот, туку само преку верата во Исуса Христа, и ние поверувавме во Христа Исуса, за да се оправдаме преку верата во Христа, а не преку делата од Законот; оти преку делата од Законот нема да се оправда ниедна плот. Ако, пак, барајќи да се оправдаме во Христа, и сами се најдовме грешници, зарем Христос е слуга на гревот? Тоа никако! Зашто, ако одново го градам она што сум го урнал, тогаш и сам станувам престапник; преку Законот умрев за Законот, и, за да живеам за Бога, се распнав со Христа; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме засака и Себеси се предаде за мене. Не ја отфрлувам благодатта Божја; оти ако правдата доаѓа преку Законот, тогаш Христос залудо умрел. О неразумни Галатјани! Кој ве замаја, та не се покорувате на вистината, вие, пред чии очи Исус Христос беше изобразен, а сега, еве, меѓу вас се распна? Само ова сакам да го узнаам од вас: преку делата по Законот ли го добивте Духот или преку послушноста во верата? Толку ли сте неразумни? Откако почнавте со Духот, со телото ли сега завршувате? Зарем залудо толку многу претрпевте? Да беше само залудо! Оној, пак, Кој ви Го дарува Духот и прави меѓу вас чудеса, преку делата на Законот ли го врши тоа, или преку послушноста во верата? Така, Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се прими за оправдание. Знајте, пак, дека оние, што се потпираат на верата, се синови Авраамови. И Писмото, како што предвидуваше, оти Бог преку вера ги оправдува иноверците, однапред му благовести на Авраама: »Во тебе ќе бидат благословени сите народи.« И така, оние, што веруваат, се благословени заедно со верниот Авраам; а сите оние, што се од делата на Законот, под клетва се. Оти е напишано: »Проклет да е секој, кој не исполнува постојано сѐ што е напишано во книгата на Законот!« А дека преку Законот никој не се оправдува пред Бога, се знае, оти »Праведниот ќе живее преку верата.« А Законот не е од верата, туку зборува: »Кој ќе ги исполни овие работи, тој ќе биде жив преку нив«. Христос нѐ искупи од клетвата на Законот, откако поради нас стана клетва, бидејќи е напишано: »Секој да е проклет што виси на дрво!«, та благословот на Авраама да се распространи над незнабошците, за да Го добиеме ветениот Дух преку верата. Браќа, зборувам на човечки начин: и утврдениот човечки завет никој веќе не го растури или дополни. Но ветувањата му беа дадени на Авраама и на семето негово. Не е речено: »и на семињата«, како за мнозина, а за еден: »и на семето твое«, кое е Христос. Јас, пак, велам дека Законот што се јави по четиристотини и триесет години, не го одменува порано утврдениот од Бога завет за Христа, та ветувањето да ја изгуби силата, оти, ако наследството е по Законот, тоа веќе не е според ветувањето; а на Авраама му го дарува по ветување. Зошто е, пак, даден Законот? Тој се додаде поради престапите, додека не дојде семето, на кое се однесува ветувањето, и е предаден преку ангели, преку рака на посредник. Но посредникот не бива само посредник на еден, а Бог е еден. Па така, Законот противен ли е на Божјите ветувања? Никако! Оти, ако беше даден закон, што ќе можеше да животвори, тогаш навистина оправданието ќе излегуваше од Законот. Но Писмото сите ги затвори под грев, та ветеното да им се даде на оние, кои веруваат во Исуса Христа. Пред да дојде верата, ние бевме под стража на Законот, заклучени за верата, која имаше да се открие. И така, Законот беше за нас воспитувач во Христа, за да се оправдаме преку верата; а откако дојде верата, ние веќе не сме под раководство на воспитувач. Оти сите сте синови Божји преку верата во Христа Исуса; сите, што е крстивте во Христа, во Христа се облековте. Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса. А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници. Но ви велам: наследникот, додека е млад, со ништо не се разликува од робот, макар што е господар над сѐ; туку е под настојници и чувари до определениот рок од татка си. Па така и ние, додека бевме малолетни, бевме поробени од стихиите на светот; но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот, за да ги откупи оние, што се под Закон, та да примиме посиновение. А бидејќи вие сте синови, Бог Го испрати Духот на Својот Син во срцата ваши, Кој вика: Ава, Оче! Затоа не си веќе роб, туку син; ако си, пак, син, тогаш си и наследник Божји преку Исуса Христа. Но тогаш, бидејќи Бога не Го познававте, им служевте на богови, кои по својата природа не се богови; а сега, откако Го познавте Бога, или, подобро, откако Бог ве позна, како тоа пак да се враќате кон слабите и лоши стихии, на кои пак сакате одново да им служите? Гледате на деновите, месеците, времињата и годините. Се плашам за вас, да не би случајно залудо да сум се трудел меѓу вас. Ве молам, браќа, бидете како што сум јас, затоа што и јас бев како вие. Вие со ништо не сте ме навредиле: знаете дека, кога ви проповедав, за првпат бев телесно немоќен, и при сето тоа, вие не го презревте искушението на моето тело, ниту се погнусивте од него, туку ме примивте како ангел Божји, како Исуса Христа. Каде ви е сега блаженството ваше? Сведочам за вас, дека кога би било можно, и очите свои би ги извадиле и би ми ги дале. И така, непријател ли ваш ви станав, кажувајќи ви ја вистината? Тие не ревнуваат за вас добро, туку сакаат да ве одвојат од мене, та вие за нив да ревнувате. Добро е секогаш да ревнувате во доброто, а не само кога сум меѓу вас. Чеда мои, кои пак со мака ве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос, сега би сакал да бидам помеѓу вас и да го изменам гласот свој, бидејќи сум во недоумение за вас. Кажете ми, вие, што сакате да бидете под Законот: не го слушате ли Законот? Зашто е напишано дека Авраам имаше двајца синови, еден од слугинката, а друг од слободната. Но оној што беше од слугинката, се роди по плот; а оној што беше од слободната – по ветување. А ова е речено сликовито и ги претставува двата завета: едниот од Синајската планина, која раѓа за ропство; а тој е Агара, бидејќи Агара ја означува планината Синај во Арабија, а одговара на сегашниот Ерусалим и робува со децата свои; а горниот Ерусалим е слободен: тој е мајка на сите нас. Оти е напишано: »Развесели се неплодна, ти што не раѓаш; воскликни и извикај ти, што не си искусила породилни маки; бидејќи напуштената има многу повеќе деца од онаа, која има маж!« Ние, пак, браќа, сме како Исак, чеда на ветувањето. Но, како тогаш, оној што се роди по плот, го гонеше родениот по дух, така е и сега. А што зборува Писмото? »Истерај ја робинката и синот нејзин, зашто синот на робинката нема да биде наследник заедно со синот на слободната!« И така, браќа, ние не сме деца на робинката, туку на слободната. Стојте така во слободата, со која Христос нѐ ослободи, и не се подавајте пак под ропски јарем! Еве, јас, Павле, ви велам: ако се обрезувате, Христос ништо нема да ви помогне. А му сведочам пак на секој човек, кој што се обрезува, дека тој е должен да го извршува целиот Закон. Вие, што посакавте да се оправдувате со Законот, Го изгубивте Христа, отпаднавте од благодатта; а ние се надеваме и очекуваме оправдание од верата преку Духот. Зашто во Христа Исуса ниту обрезанието има сила, ниту необрезанието, туку верата, која што дејствува преку љубовта. Вие трчавте добро: кој ви попречи, та да не се покорувате на вистината? Тоа одвраќање не е од Оној, Кој ве повика. Малку квас го потквасува целото тесто. Јас се надевам за вас во Господа дека вие нема да мислите инаку; а оној, кој ве возмутува – кој и да бил – ќе претрпи осуда. А јас, браќа, ако обрезанието уште го проповедам, тогаш за што ќе ме гонат? Тогаш би се поништила соблазната од крстот. О, да беа отсечени оние, што ве бунеа! Вие, браќа, повикани сте кон слобода; но слободата ваша да не ви служи како повод за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг. Оти, целиот Закон се извршува во еден збор, односно: сакај го ближниот како самиот себе. А ако, пак, меѓу себе се гризете и јадете, пазете да не се истребите еден со друг. Ви велам: живејте по Духот, и желбите на телото ваше нема да ги извршувате. Оти, телото сака противни работи на духот, а духот – противни на телото; тие се еден против друг, за да не го правите она, што сакате. Ако ве води Духот, вие не сте под Законот. Делата на телото се познати. Тие се: прељубодејство, блудство, нечистотија, бесрамност, служење на идоли, магии, непријателство, кавги, ревнувања, гнев, расправии, несогласности, ереси, зависти, убиства, пијанство, срамни гостувања и други слични работи; однапред ви велам, како што ви реков и порано, дека оние што го прават тоа, нема да го наследат царството Божјо. А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста. Против такви нема закон. Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите. Ако живееме со Дух, по Духот сме должни и да постапуваме. Да не бараме лажна слава, еден друг да не предизвикуваме, еден на друг да не завидуваме. Браќа, и да падне човек во некаков грев, вие духовните поправајте го таков со духот на кротоста, пазејќи се и вие да не бидете искушани. Поднесувајте ги тешкотиите еден на друг, и исполнувајте го така законот Христов. Зашто оној, кој што сам себе се смета за нешто, а е ништо, тој се мами самиот себе. Секој нека си ги испита делата свои, и тогаш ќе има пофалба само во себеси, а не пред друг, оти секој ќе го понесе своето бреме. А оној, што се учи на словото, нека му дава дел од секое добро на оној, кој што го учи. Не лажете се: Бог не позволува да биде поруган. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее: кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот. Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, не заморувајќи се. И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера. Ете колку многу ви напишав со својата рака. Оние што сакаат да се фалат по тело, тие ве принудуваат да се обрезувате, само за да не бидат гонети поради крстот Христов. Оти, и оние, што се обрезуваат, сами не пазат на Законот, а сакаат вие да се обрезувате, за да се пофалат со вашето тело; а мене, да не ми даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот. Зашто во Исуса Христа ниту обрезанието има некаква сила, ниту необрезанието, туку новата твар. На оние што постапуваат по тоа правило, нека биде мир и милост, ним и на Израилот Божји! И така, никој да не ми досадува веќе, зашто јас ги носам на своето тело раните на Господа Исуса. Благодатта на нашиот Господ, Исуса Христа нека биде со вашиот дух, браќа. Амин! Од Павла, по волјата Божја апостол на Исуса Христа, до светиите, што се во Ефес, и до верните во Исуса Христа: благодат и мир на вас од Бога, нашиот Отец, и Господа Исуса Христа! Нека биде благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој нѐ благослови во Христа, со секаков духовен благослов од небесата, како што и нѐ избра преку Него, уште пред светот да се создаде, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта, откако предопредели да нѐ посини за Себе преку Исуса Христа, по благоволение на Својата волја, за да биде фалена славата на Неговата благодат, со која нѐ облагодати преку Својот Возљубен Син, во Кого имаме откуп преку Неговата крв, прошка на гревовите по богатството на Неговата благодат. Таа благодат Он ни ја даде изобилно во секоја премудрост и разум, откако ни ја откри тајната на Својата волја според Своето благоволение, што го беше од порано положил во Себеси, во уредувањето и извршувањето на времињата, за да соедини сѐ небесно и земно под една глава – во Христа. Преку Него ние бевме избрани за наследници, однапред определени по наредбата на Бога, Кој врши сѐ според волјата Своја, за да послужиме како пофалба на славата Негова ние, кои од порано се надевавме на Христа. Во Него и вие, откако го чувте словото на вистината – Благовестието за вашето спасение – и откако поверувавте во Него, станавте запечатени преку ветениот Свети Дух, Кој е залог за нашето наследство, та да се откупи Неговото достоинство за пофалба на Неговата слава. Ете, затоа и јас, кога чув за вашата вера во Христа Исуса, и за љубовта кон сите светии, не престанувам да Му благодарам на Бога, спомнувајќи ве во молитвите свои, та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение, за да Го познаете, и да ги просвети очите на срцата ваши, за да увидите, во што се состои надежта на повиканите од Него, колкаво е богатството на славата од наследството Негово во светиите, и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила. Таа сила Он ја покажа во Христа, кога Го воскресна од мртвите и Го постави од Својата десна страна на небесата, повисоко од секое началство, власт, сила и господство и од секое име, со кое се именуваат не само во овој свет, туку и во идниот, и сѐ Му покори под Неговите нозе и Го постави глава над сите во Црквата, која е Негово тело, полнота на Оној Кој исполнува сѐ во сѐ. И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови, во кои живеевте некогаш според животот на овој свет, согласно со кнезот на воздухот, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на неверието, меѓу кои и ние сите некогаш живеевме според телесните желби, извршувајќи ги похотите на телото и на помислите, и по природа бевме како и другите, чеда на гневот, – но Бог, богат со милост, поради големата Си љубов, со која нѐ засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нѐ оживе со Христа и нѐ воскресна со Него и постави на небесата во Христа Исуса, за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христа Исуса, зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – Божји дар е; не е од дела, да не би некој да се пофали. Оти ние сме Негова творба, создадени во Христа Исуса за добри дела, што Бог ги предодредил уште од порано да ги вршиме. Затоа помнете, вие, кои некогаш по тело бевте иноверци, и наречени необрезани од така наречените обрезани со телесно обрезание, правено со раце, дека во она време бевте без Христа, отстранети од општеството на Израилот, без право на учество во заветите на ветеното, без надеж и безбожници во светот; но сега, во Христа Исуса, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку крвта Христова. Зашто Он е нашиот мир, Кој од двата народа направи еден и ја разруши преградата, што беше меѓу нив, откако со плотта Своја го уништи непријателството, а со учењето Свое – Законот на заповедите го обессили, за да создаде во Себеси од двата народа еден нов човек, правејќи мир, и во едно тело да ги помири обата народа со Бога преку крстот, откако на него го уништи непријателството. И, откако дојде, Он ви благовести мир, на вас далечни и блиски, зашто преку Него и едните и другите имаме пристап при Отецот, во еден Дух. И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и свои на Бога, оти се утврдивте на темелите, поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како аголен камен на темелот Самиот Исус Христос, врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господа; врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиштето Божјо преку Духот. Затоа сум јас, Павле, затвореник на Исуса Христа за вас незнабошците. Бидејќи ја чувте распределбата на благодатта Божја, која ми е дадена за вас, односно дека преку откровение Бог ми ја соопшти тајната, како што и погоре ви напишав накратко, од кое, читајќи, можете да разберете како сум ја сфатил тајната на Христа, која што, на синовите човечки од поранешните поколенија, не им беше кажана, како што сега се откри на Неговите свети апостоли и пророци преку Светиот Дух. Тоа стана за да бидат и незнабошците сонаследници, делови на едно тело, и соучесници на ветувањето Божјо во Христа Исуса преку Евангелието, на кое му станав слуга според дарот на благодатта Божја, дадена по дејство на Неговата сила. На мене, најмалиот од сите светии, таа благодат ми се даде – да им го проповедам на незнабошците неискажаното богатство Христово и на сите да им откријам во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сѐ преку Исуса Христа, та многуразличната премудрост Божја да им се објави сега преку Црквата на началствата и властите небесни, според предвечното определение, кое Он го изврши во Христа Исус нашиот Господ, во Кого, преку верата во Него, имаме слобода да се доближуваме до Бога со доверба. Поради тоа, ве молам, не паѓајте со духот пред моите маки заради вас, кои се ваша слава. Затоа ги преклонувам колената свои пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос, од Кого се именува секој род на небесата и на земјата, да ви даде, по богатството на Својата слава, сила да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, и преку верата Христос да се всели во срцата ваши, та вкоренети и утврдени во љубовта, да можете да разбирате со свои светии, што е ширина и должина, што е длабочина и височина, и да ја узнаете Христовата љубов, што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја. А на Оној, Кој, според силата што во нас дејствува, може да изврши изобилно сѐ, што бараме или помислиме, Нему нека е слава во Црквата преку Исуса Христа во сите родови и за сите векови. Амин! Браќа, јас, затвореник во Господа, ве молам да се однесувате достојно според звањето, за кое сте повикани, со секаква смиреност и кротост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден друг со љубов, трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот. Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање. Еден е Господ, една е верата, едно е крштавањето, еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сѐ, и преку сите, и во сите нас. А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов. Затоа е и речено: »Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето«. А што означува »издигајќи се«, ако не тоа дека Он слезе пред тоа во најдолните места на земјата. Слегнатиот е Истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни сѐ. И Он постави едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители, за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело, додека сите не стигнеме до единство во верата и познавање на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство, та да не бидеме веќе мали деца, што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, по лукавството на луѓето, по итрото искуство на измамата, туку со вистинска љубов во сѐ да растеме во Оној, Кој е глава, Христос, од Кого целото тело, составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поред силите негови, нараснува за да се изградува во љубов. Ова, пак, го зборувам и за сведок Го повикувам Господа: да не постапувате веќе, како што постапуваат и другите незнабошци, по суетата на својот ум; помрачени во разумот, отстранети се од Божјиот живот поради нивното незнаење и ожесточување на нивното срце; дојдени до бесчувство, тие се предадоа на бесрамност и ненаситно вршат секаква нечистота. Но вие не Го познавате Христа така, кога навистина сте чуле за Него и во Него сте се научиле – дека вистината е во Исуса – да го отфрлите од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби, да се обновите со духот на својот ум и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината. Поради тоа, откако ја отфрливте лагата, кажувајте си ја вистината секој на својот ближен, бидејќи сме членови еден на друг. Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде во гневот ваш; ниту, пак, да му давате место на ѓаволот. Кој крадел, да не краде веќе; а подобро е да се труди, правејќи добро со рацете свои за да има што да му подаде на оној, кој што има потреба. Никаков лош збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за издигање каде што треба, за да им принесе благодат на оние што слушаат. И не Го оскрбувајте Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето. Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба; а еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа. И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени, и живејте во љубов, како што и Христос нѐ засака и Себеси за нас се предаде како принос и жртва на Бога за пријатен мирис. А блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост дури да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии, ниту, пак, срамни и празни зборови или смешки, што се неприлични, туку само благодарности. Зашто ова треба да го знаете, дека ниеден блудник, или нечист, или користољубец – кој е идолопоклоник, нема дел во царството на Христа и Бога. Никој да не се мами со празни зборови; оти поради овие иде гневот Божји врз синовите на непокорноста; и така, не станувајте нивни соучесници. Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господа: живеете како деца на светлината! Зашто плодот на Духот се состои во секое добро, правда и вистина, – и испитувајте сѐ што Му е на Бога угодно! Не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги! Оти за она, што го прават нечестивите скришум, срамно е и да се зборува. А сѐ, што е за изобличување, светлината го открива; бидејќи сѐ што е јавно, светлина е. Затоа е речено: »Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!« Па така, гледајте, колку внимателно треба да постапувате: не како неразумни, туку како мудри; ползувајте го времето, зашто дните се лукави. Затоа немојте да бидете нерасудливи, туку распознајте што е волјата Божја! И не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд, но исполнувајте се со Дух, усовршувајќи се со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господа во срцата ваши; благодарејќи Му секогаш за сѐ на Бога и Отецот, во името на нашиот Господ Исус Христос; покорувајте му се еден на друг во страв Божји. Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е Христос глава на Црквата, и Он е Спасител на телото. Но, како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сѐ. Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа, за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото; та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернение, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна. И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата, бидејќи ние сме членови на Неговото тело – од Неговата плот и коските Негови. Поради тоа човекот ќе го остави татка си и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат една плот. Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христа и за Црквата. И така, секој од вас да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе, а жената да се бои од мажот свој. Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо. Почитувај ги татка си и мајка си! – тоа е првата заповед со ветување, за да ти биде добро, и да живееш долго на земјата. И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов! Вие, слугите, бидете им послушни на вашите господари по тело со страв и трепет, во простота на срцето, како на Христа, Не со слугување за очи како човечки угодници, туку како Христови слуги извршувајќи ја волјата Божја од срце, усрдно служејќи, како да Му служите на Господа, а не на луѓе, знаејќи дека секој, па било тоа роб или слободен, ќе добие од Господа според доброто, што го направил. А и вие, господарите, исто така, однесувајте се кон нив и бидете умерени во строгоста своја, знаејќи дека и над вас самите и над нив има на небесата Господар, во Кого нема лицемерност! Браќа, потсилувајте се во Господа и во силата на Неговата моќ! Облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство; оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата. Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите. И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во оклопот на правдата, и нозете да ви бидат обуени во приправност за да благовестите мир. А над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги угаснете сите вжештени стрели на лукавиот; земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо! Со секаква молитва и просба молете се со духот во секое време и грижете се за тоа со постојанство и молба за сите светии, и за мене, та, кога ќе ја отворам устата да ми се даде слободно да ја соопштувам тајната на Благовестието, поради кое сум пратеник во окови, за да го проповедам смело, како што ми прилега. А за да знаете и вие, како сум и што работам, за сѐ ќе ве извести Тихик, возљубениот брат и верен слуга во Господа, кого го пратив при вас за истата работа, за да узнаете за нас, и да ги утеши срцата ваши. Мир на браќата и љубов со вера од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа. Благодат со сите што неизминливо Го сакаат нашиот Господ Исус Христос. Амин! Од Павла и Тимотеја, слуги на Исуса Христа, до сите светии во Христа Исуса, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите: благодат и мир на вас од Бога, Отецот наш и од Господа Исуса Христа! Му благодарам на мојот Бог секогаш, кога си спомнувам за вас, – во секоја моја молитва се молам со радост за сите вас –, односно за вашето учество во Благовестието од првиот ден дури досега, уверен во тоа дека Оној, Кој го започна во вас доброто дело, ќе го извршува дури до денот на Исуса Христа, како што е и право да го мислам тоа за сите вас, оти ве имам на срце – и кога сум во окови, и кога го бранам и утврдувам Благовестието, бидејќи сите вие сте ми соучесници во благодатта. Бог ми е сведок колку многу ве сакам сите вас со љубовта на Исуса Христа. И се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува преку познавањето и разбирањето на сѐ, за да разликувате што е подобро, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христа, исполнети со плодови на правдата преку Исуса Христа, за слава и пофалба на Бога. Сакам, браќа, да знаете дека тие работи, што ми станаа, ми помогнаа за поголем успех на Евангелието, така што моите окови во Христа станаа познати на целата преторија и на сите други; и повеќето од браќата на Господа, поттикнати од моите окови, почнаа посмело, без страв, да го проповедаат словото Божјо. Некои, навистина, од завист и препирки, а други од добра волја Го проповедаат Христа; едните, од желба да се препираат, Го проповедаат Христа нечисто, мислејќи дека ја увеличуваат тежината на моите окови; другите, пак проповедаат од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието. Но што од тоа? Како и да е, било дволично или искрено, Христос се проповеда; затоа се радувам и ќе се радувам, оти знам дека тоа ќе ми послужи за спасение со вашата молитва и преку дејството на Духот на Исуса Христа, како што очекувам со нетрпение и се надевам дека во ништо нема да се посрамам, но при секоја слобода, како секогаш, и сега ќе се возвеличи Христос во моето тело – било преку животот, било преку смртта. Оти за мене живот е Христос, а смртта – придобивка. Ако, пак, живеењето мое во тело ми придонесува плод на делото, тоа што да сакам повеќе, не знам. Ме привлекува и едното и другото: сакам да умрам и да бидам со Христа, бидејќи тоа е многу подобро; но да останам во телото е попотребно за вас. Јас знам сигурно дека ќе останам и ќе пребивам со сите вас за ваш успех и радост во верата, та пофалбата ваша во Христа Исуса да се умножува преку мене кога повторно ќе дојдам при вас. Живејте само достојно за Христовото Евангелие, та, ако дојдам и ве видам, или отсуствувам, да чујам за вас дека стоите во еден дух, борејќи се еднодушно за евангелската вера, и во ништо не плашете се од противниците; тоа е знак за нивната погибел, а вам – за спасение. И тоа е од Бога. Оти вам ви се даде дар поради Христа не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него, борејќи се со истиот подвиг, каков што видовте во мене и сега слушате за мене. И така, ако во Христа има некаква утеха, ако има некоја утеха во љубовта, ако има општење со Духот, ако има некое милосрдие и сострадание, исполнете ја радоста моја: бидете со едни мисли, имајќи една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени; не правете ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси! Не грижете се секој само за себе, туку и за другите! Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос, Кој, иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; и по вид се покажа како човек; Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст. Па затоа и Бог високо Го издигна и Му даде име, што е над секое име, та во името на Исуса да ги преклони колената на сѐ што е небесно, земно и подземно, и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот. Затоа, возљубени мои, како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го вашето спасение, оти Бог е Оној, Кој во вас прави да сакате и да дејстувате според Неговата добра волја. Правете сѐ без ропот и двоумење, за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји среде лош и расипан род, во кој светите како светила во светот, имајќи го во себе словото на животот, за моја пофалба во денот Христов, дека не залудо трчав и не залудо се трудев. Но, ако и се принесувам како жртва за служба на вашата вера, се радувам сам и се радувам со сите вас. Така исто радувајте се и вие и зарадувајте ме! А се надевам во Господа Исуса дека наскоро при вас ќе го пратам Тимотеја, та и јас, откако разберам како сте, да се утешам со духот. Бидејќи немам никого еднаков со моите мисли, кој толку искрено би се грижел за вас, оти сите го бараат своето, а не она на Исуса Христа; а неговата исправност ви е позната: тој, како син кон татко, слугуваше заедно со мене при благовествувањето. Него, пак, се надевам дека ќе го испратам веднаш, штом ќе узнаам, што ќе стане со мене; а се надевам во Господа оти и сам скоро ќе дојдам при вас. Најдов за потребно при вас да го испратам братот Епафродит, мој сотрудник и другар во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои, бидејќи тој копнееше да ве види сите вас и многу жалеше што сте чуле дека бил болен. Зашто тој боледуваше дури до умирање; но Бог го помилува, и не само него, туку и мене, за да не ми се натовари жал врз жал. Поради тоа го испратив поскоро, та, штом ќе го видите пак, да се израдувате, а јас да бидам помалку нажален. Примете го, пак, во Господа со секаква радост, и такви почитувајте, бидејќи за Христовото дело тој беше скоро на умирање, откако го презре својот живот, за да го дополни недостигот на вашата служба кон мене. Но, браќа мои, радувајте се во Господа! Оти сѐ едно исто да ви пишувам, мене не ми е здодевно, а за вас тоа е сигурност. Пазете се од кучињата, пазете се од лошите работници, пазете се од лажно обрезување, зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се фалиме со Христа Исуса, и не се надеваме на телото, иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли да се надева на телото, тогаш уште повеќе јас, кој сум обрезан во осмиот ден, од родот Израилев, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по закон фарисеј, по ревност – гонител на Божјата црква, според правдата на Законот – непорочен. Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христа го сметав за штета. Затоа сметам дека и сѐ друго е штета спрема преважното познавање на Христа Исуса, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и се сметам за отпад, само за да Го придобијам Христа и да се најдам во Него, не со својата од Законот праведност, туку со придобивката преку верата во Христа, односно со праведноста од Бога преку верата; за да Го познавам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата, та некако да го достигнам воскресението на мртвите. Велам така не затоа што веќе достигнав, или дека веќе постигнав совршенство, туку се стремам не би ли го достигнал она за кое Христос ме достигна мене. Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене, трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа. Ние, кои сме, пак, совршени, мислиме така; ако, пак, нешто инаку мислите, Бог и тоа ќе ви го открие. А по она, до кое достигнавме, да бидеме едномислени и по истото правило да следуваме. Подражавајте ме, браќа, мене и гледајте ги оние, што постапуваат според образецот, каков имате во нас. Оти мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи говорам, постапуваат како непријатели на крстот Христов; нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат за земните работи. А нашето живеалиште е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос, Кој ќе го преобрази нашето понизено тело така, што тоа ќе стане подобно на Неговото славно тело, со силата, преку која што Он може и да потчинува под Себе сѐ. И така, браќа мои возљубени и многу пожелани, радост моја и венец, стојте тврдо во Господа, возљубени! Ја молам Еводија, ја молам и Синтихија да бидат едномислени во Господа; а те молам и тебе, искрени сотрудниче, помагај им ним, кои што се грижеа во Благовестието заедно со мене и со Климента и со другите мои сотрудници, чии имиња се во книгата на животот. Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се! Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе! Господ е близу! За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа. А понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете! И она, што го научивте, примивте, чувте и видовте во мене, тоа вршете го – и Бог на мирот ќе биде со вас! Јас се зарадував необично многу во Господа, затоа што вие одново почнавте да се грижите за мене; вие и порано се грижевте за мене, но немавте згодно време. Ова го велам не поради немање, бидејќи се научив да се задоволувам со она што го имам. Знам да живеам и во скудност, знам да живеам и во изобилство; научен сум на сѐ и секако, и сит да бидам, и глад да трпам, и во изобилие да сум, и во немање. Се можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи. Покрај сето тоа, добро направивте што зедовте учество во мојата скрб. А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на Благовестието, кога излегов од Македонија, немаше ниту една црква нешто да ми даде или нешто да примам освен од вас; зашто и во Солун, еднаш, и по вторпат, ми пративте нужни работи. Ова ви го велам не дека сакам да ми давате, туку го барам плодот, кој се умножува во ваша полза. Добив сѐ и имам во изобилие, се пренаполнив со блага, кога го примив од вас испратениот дар преку Епафродит, кој е мирис сладок, жртва пријатна, благоугодна на Бога. Мојот Бог, по Своето богатство, нека ја исполни секоја ваша потреба, за слава преку Христа Исуса. А на Бога, нашиот Отец, слава во веки веков. Амин! Поздравете го секој светија во Христа Исуса! Ве поздравуваат браќата, што се со мене. Ве поздравуваат сите светии, а особено оние што се од домот ќесарев. Благодатта на нашиот Господ Исуса Христа нека биде со сите вас. Амин! Од Павла, по волјата Божја апостол на Исуса Христа, и братот Тимотеј, до светиите и верните браќа во Исуса Христа што се во Колоси: благодат на вас и мир од Бога нашиот Отец и Господа Христа! Му благодариме на Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, молејќи се секогаш за вас, бидејќи чувме за вашата вера во Христа Исуса и за љубовта ваша, која ја имате кон сите светии, поради надеж на она што ви е определено на небесата, за кое порано чувте од вистинското слово на Благовестието, кое што е во вас, како и во целиот свет, и принесува плод и расте, како и меѓу вас од оној ден, кога ја чувте и познавте вистински Божјата благодат. Како што и узнавте од Епафрас, нашиот возљубен сотрудник, кој е верен слуга Христов заради вас, и кој нѐ извести за вашата љубов во Духот. Затоа и ние од оној ден, кога го чувме тоа, не престануваме да се молиме и да сакаме да се исполните со познавање на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање, та да постапувате достојно за Бога, угодувајќи Му во сѐ, принесувајќи плод во секое добро дело и да растете во познавањето на Бога, укрепувајќи се со секаква сила преку Неговата славна моќ за секаква трпеливост и големодушност со радост, благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нѐ направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината; нѐ избави од власта на темнината и нѐ доведе во царството на Својот возљубен Син, во Кого имаме откуп преку крвта Негова и опростување на гревовите, и Кој е образ на невидливиот Бог, првороден пред секоја твар; бидејќи преку Него е создадено сѐ што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сѐ е преку Него и за Него создадено. Он е пред сѐ, и сѐ преку Него се држи. И Он е глава на телото, односно на Црквата; Он е почеток, првороден меѓу мртвите, за да има првенство во сѐ. Бидејќи во Него благоволи Отецот да има секаква полнота, и преку Него да измири сѐ со Себе, било земно, било небесно, творејќи мир со крвта на Неговиот крст. И вас, кои некогаш бевте отстранети од Бога, и Негови непријатели поради помислите кон лоши дела, сега ве примири во телото на Неговата плот, преку Неговата смрт, за да ве претстави пред Себе свети, непорочни и без вина, само ако останете во верата тврди и непоколебливи, и бидете неотклонливи во надежта на Евангелието, што го чувте, кое е проповедано на секое поднебесно создание, и Кому што јас, Павле, му станав слуга. Сега се радувам во своите страдања за вас и го пополнувам недостигот од Христовите маки во мојата плот за телото Негово, кое е Црквата. Нејзе ѝ станав служител по Божја наредба што ми е наложена мене за вас, за да го исполнам словото Божјо, тајната, сокриена од векови и родови, а сега откриена на Неговите светии, на кои Бог пожела да им покаже какво богатство на слава има во таа тајна за незнабошците, односно дека Христос, надежта на славата, е во нас, Него ние Го проповедаме, вразумувајќи ги сите луѓе и учејќи ги на секоја мудрост, та сите нив да ги претставиме совршени во Христа Исуса; затоа и се трудам и молам според Неговата сила, која моќно дејствува во мене. Сакам да знаете, во каква голема борба сум заради вас и заради оние, што се во Лаодикија и во Јерапол, и поради сите, кои што не ме видоа лично, за да се утешат срцата нивни, та, соединети со љубов за секое збогатување со совршено разбирање, да ја познаат тајната на Бога и Отецот и на Христа, во Кого се сокриени сите сокровишта на премудроста и познавањето. А ова ви го велам за да не ве измами некој со примамливи зборови; оти, ако и да сум отсутен со телото, со духот сум при вас, радувајќи се и гледајќи го вашиот ред и вашата тврда вера во Христа. Поради тоа, како што Го примивте Господа Исуса Христа, така и одете по Него, вкоренети и утврдени во Него и укрепени во верата, како што сте научени, изобилувајќи во неа со благодарност. Браќа, пазете некој да не ве заведе со философија и со празна измама според човечкото предание, според стихиите на светот, а не по Христа; оти во Него телесно живее сета полнота на Божеството, и вие да имате полнота во Него, Кој е глава на секое началство и власт; во Него сте и обрезани преку неракотворно обрезание, откако го соблековте гревовното тело на плотта преку обрезанието Христово; откако се погребавте со Него во крштавањето, во кое заедно со Него и воскреснавте преку вера во силата на Бога, Кој Го воскресна од мртвите. И вас, кои бевте мртви во гревовите и во необрезанието на вашето тело, Он заедно со Него ве оживи, простувајќи ви ги сите гревови; а тоа стана, кога Христос го избриша ракописниот закон, што беше против нас, а кого го зеде од средината и го прикова на крстот; и, откако ја одзеде силата од началствата и властите, Он ги изложи јавно на позор и ги победи на него. Па така, никој нека не ве осудува за јадење или пиење, или за некој празник, или за млад месец или сабота; тоа е сенката на иднината, а телото е Христос. Никој своеволно да не ве мами со смиреномудрост и служење на ангелите, впуштајќи се во она, што не го видел, гордеејќи се залудо со својот телесен ум, и не се придржува кон Главата, од Која целото тело, поддржано преку зглобови и врски, расте со растење според Бога. И така, ако вие со Христа умревте за световните стихии, тогаш зошто се препирате, како уште да живеете во светот: не се фаќај, не вкусувај, не пипај! Сите тие се определени на пропаѓање – кога се управуваат според човечките заповеди и учења. Тие имаат само вид на мудрост во своеволното благочестие, а во смиреномудроста и во нештедењето на телото тие никако не се грижат, освен за наситување на телото. И така, ако сте воскреснале заедно со Христа, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога: мислете за небесното, а не за земното. Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христа во Бога. А кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава. Затоа умртвете ги своите земни членови, односно пороците: блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство! Поради тие пороци иде гневот Божји врз синовите на непослушноста, меѓу кои некогаш се движевте и вие, кога живеевте во тие пороци. А сега и вие отфрлете сѐ од себе: гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста! Не лажете се еден со друг, откако веќе го соблековте стариот човек со неговите дела, и се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател, каде што нема ни Елини, ни Јудејци, ни обрезание, ни необрезание, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос. И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост; трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете! А над сето тоа облечете се во љубов, која е врска на совршенството, и мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни! Словото Христово изобилно нека се всели во вас; во секоја мудрост да се учите и да се советувате еден друг со псалми и химни, и со духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодарност во срцата ваши! И сѐ што вршите со збор или со дело, вршете го во името на Господа Исуса Христа, благодарејќи Му преку Него на Бога и Отецот! Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како што прилега во името на Господа! Вие, мажите, сакајте ги жените свои и не огорчувајте ги! Деца, на родителите свои бидете им послушни во сѐ, зашто тоа Му е благоугодно на Господа! Татковци, не дразнете ја челадта своја, за да не паѓаат со духот! Вие, робовите, во сѐ бидете им послушни на своите земни господари по тело, слугувајте им не само пред очи како да им угодувате на луѓе, туку во простотата на срцето, боејќи се од Бога! И сѐ, што правите, правете го од душата, како за Господа, а не за луѓе, знаејќи дека како награда ќе добиете од Господа наследство, бидејќи на Господа Христа Му служите. А кој врши неправда, ќе добие според неправдата своја; и нема да се гледа кој е кој. Вие, господарите, спрема робовите свои бидете справедливи и давајте им го она што е правично, кога знаете дека и вие имате Господар на небесата! Бидете постојани во молитвата, бидете бодри во неа со благодарност! Молете се исто така и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на проповедта да ја разгласуваме Христовата тајна, поради која сум и во окови, та да ја откријам, како што треба да зборувам! Спрема надворешните однесувајте се благоразумно, ползувајќи го времето! Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате! Што се однесува до мене, сѐ ќе ви соопшти Тихик, љубениот брат и верен служител и сотрудник во Господа, кого нарочно поради тоа го испратив при вас, за да разбере како сте и да ви ги утеши срцата ваши, заедно со Онисим, верниот и омилен наш брат, кој е од вас; тие ќе ви раскажат сѐ што станува овде. Ве поздравува Аристарх, кој е затворен со мене, и Марко, внукот на Варнава – за кого добивте заповед: ако дојде при вас, примете го. Исто така и Исус, наречен Јуст; тие се од обрезаните и единствени сотрудници за царството Божјо, кои ми беа утеха. Ве поздравува од вашите Епафрас, служител на Исуса Христа, кој секогаш во молитвите свои се грижи, да бидете совршени и исполнети со секаква волја Божја. Сведочам за него дека тој има голема ревност и грижа за вас и за оние што се во Лаодикија и Ерапол. Ве поздравува Лука, возљубениот лекар, и Димас. Поздравете ги браќата во Лаодикија, и Нимфана, и неговата домашна црква! Откако ова послание се прочита при вас, направете да се прочита и во Лаодикијската црква, а она од Лаодикија да го прочитате и вие. Кажете му на Архип: »Гледај ја службата, што си ја примил во Господа, да ја извршуваш!« Своерачен поздрав од мене, Павла. Помнете ги оковите мои! Благодат меѓу сите вас. Амин! Од Павла, Силуана и Тимотеја – до солунската црква во Бога Отецот наш и во Господа Исуса Христа! Секогаш Му благодариме на Бога за сите вас, спомнувајќи ве во молитвите наши и непрестајно го помниме делто на вашата вера, трудот на вашата љубов и трпеливоста на надежта ваша во нашиот Господ Исус Христос пред Бога и Отецот наш. Знаеме, возљубени браќа, за вашиот избор од Бога, зашто нашето Благовестие кон вас беше не само со слово, туку и со сила и со Светиот Дух, и со голема увереност: сами знаете какви бевме за вас помеѓу вас. И вие се угледавте на нас и на Господа, кога во големи маки со радост го примивте словото од Светиот Дух, така што станавте образец за сите верници во Македонија и Ахаја. Оти од вас одекна словото Господово не само во Македонија и Ахаја, туку и во секое место се пронесе славата за верата ваша во Бога, така што нема потреба ние нешто да зборуваме. Зашто, верниците сами разгласуваат за нас, какво беше нашето доаѓање при вас, и како од идолите се обрнавте кон Бога, за да Му служите на живиот и вистински Бог, и да Го очекувате од небесата Неговиот Син, Кого Он Го воскресна од мртвите, Исуса, Кој нѐ избави од идниот гнев. Вие сами знаете, браќа, дека нашето доаѓање при вас не беше залудо: иако порано пострадавме и бевме поругани во Филипи, како што знаете, ние се ослободивме во нашиот Бог да ви Го проповедаме Божјото Евангелие со голем труд. Зашто нашата утеха не произлегува ни од заблуда, ниту од нечисти побуди, ниту од лукавство. Но, како што Бог нѐ удостои да ни Го повери Евангелието, така и зборуваме – не за да им угодуваме на луѓето, туку на Бога, Кој ги испитува срцата наши. Оти никогаш со примамливи зборови не се однесовме кон вас – како што знаете; ниту со помисли за корист: Бог е сведок! Ни човечка слава не баравме – било од вас, било од други: иако можевме и да се јавиме со важност како Христови апостоли, но при сето тоа ние бевме среде вас благи, онака како што нежно се однесува доилката кон своите деца. Така ве бевме засакале, што бевме готови да ви го предадеме не само Благовестието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги. Та вие ги помните, браќа, нашиот труд и мака: работејќи дење и ноќе, за да не му додеваме на никого од вас, ние ви Го проповедаме Евангелието Божјо. Сведоци сте вие како и Бог, дека свето, праведно и безукорно постапувавме пред вас, кои што верувате, зашто знаете дека секого од вас, како татко децата свои, ние ве молевме и утешувавме и сведочевме да живеете достојно за Бога, Кој ве призвал во Своето царство и слава. Затоа и непрестајно Му благодариме на Бога, оти, откако го примивте словото Божјо од нас, го примивте не како слово човечко, туку – како што и е – слово Божјо, кое и дејствува во вас, кои што верувате. Вие, браќа, поминавте како Божјите цркви во Христа Исуса, што се во Јудеја, бидејќи и вие исто така претрпевте од своите едноплеменици, како и оние од Јудејците, што Го убија и Господа Исуса, и Неговите пророци, и нас нѐ изгонија, и на Бога не Му угодија, и на сите луѓе им се противат; кои што ни пречат да им зборуваме на незнабошците, за да се спасат, и со тоа секогаш ги дополнуваат гревовите свои; но гневот ги достигна до крај. А ние, браќа, откако се одделивме од вас за кратко време по лице, а не по срце, со уште поголема желба се грижевме да го видиме лицето ваше. Поради тоа, ние, најмногу јас, Павле, и еднаш, и другпат, посакавме да дојдеме при вас; но нѐ попречи сатаната. Оти, кој е нашата надеж или радост, или венец за пофалба? Та тоа не сте ли и вие пред нашиот Господ Исуса Христа за Неговото доаѓање? Да, вие сте нашата слава и радост! Поради тоа, не можејќи веќе да трпиме, најдовме за добро во Атина да останеме сами, и го испративме Тимотеја, својот брат и слугата Божји, и својот сотрудник во Евангелието Христово, за да ве укрепи и утеши во вашата вера, та никој да не ве смутува во тие маки; оти сами знаете дека затоа сме определени. Бидејќи ние, и кога бевме при вас, ви претскажувавме дека ќе страдаме, како што и стана, и вие знаете. Поради тоа и јас, не можејќи веќе да трпам, пратив да узнаам за верата ваша, да не би некако да ве искушал искушувачот, та да отиде залудо нашиот труд. Сега, откако дојде Тимотеј при нас од кај вас и ни донесе добра вест за вашата вера и љубов, и дека секогаш имате добар спомен за нас и копнеете да нѐ видите, како и ние вас, – ние, и покрај сета мака и неволја, се утешивме за вас, браќа, со вашата вера; оти ние сега живееме, кога вие стоите во Господа. Каква благодарност, навистина, можеме да Му воздадеме на Бога за вас, за сета радост, со која се радуваме поради вас пред нашиот Бог, кога дење и ноќе многу усрдно се молиме, за да го видиме вашето лице и да го дополниме недостигот на вашата вера? А сам Бог и Отецот наш и Исус Христос, нашиот Господ, нека го управи патот наш кон вас! Вам, пак, Господ да ви ја зголеми и да ви ја умножи љубовта еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас, за да ги утврди вашите срца, та да бидат непорочни во светоста пред Бога и Отецот наш при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос со сите Негови светии. Амин! И така, браќа, ве молиме и советуваме во Христа Исуса, онака, како што научивте од нас како треба да постапувате и да Му угодите на Бога, како што и постапувате, повеќе во тоа да успевате; зашто знаете какви заповеди ви дадовме од Господа Исуса. Ова е волјата Божја: да бидете осветени, да се воздржувате од блудство, и секој од вас да знае да го пази својот сад во светост и чист, а не во похотна страст, како незнабошците, кои не Го познаваат Бога, и да не престапува и го измамува во тоа братот свој; бидејќи Господ за сето тоа се одмаздува, како што ви зборувавме и сведочевме порано. Оти Бог не нѐ призва кон нечистота, туку кон светост. А кој го отфрла тоа, тој отфрлува не човек, туку Бога, Кој Го даде Својот Дух Свети во нас. За братољубието, пак, нема потреба да ви пишувам, оти вие сами сте научени од Бога да се сакате еден со друг, бидејќи така и постапувате со сите браќа по цела Македонија. И ве молиме, браќа, уште повеќе да преуспевате, и усрдно да се грижите да живеете тихо, да си ја гледате работата и да работите со сопствените свои раце како што ви заповедавме; да се држите чесно спрема надворешните и да немате потреба од никого. Браќа, не сакам да не знаете за умрените, за да не жалите како и другите, што немаат надеж. Оти, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, тоа и упокоените во Исуса Бог ќе ги приведе со Него. Ова, пак, ви го велиме преку словото Господово, дека ние, живите, што ќе останеме до доаѓањето на Господа, нема да ги испревариме умрените, бидејќи Сам Господ со заповед, при глас на архангел и при труба Божја, ќе слегне од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господа во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господа. Па затоа, утешувајте се еден друг со тие зборови. А за времињата и годините, браќа, нема потреба да ви се пишува, бидејќи вие самите многу добро знаете дека денот Господов ќе дојде така, како крадец во ноќно време. Оти, кога ќе речат: »Мир и безопасност!«, тогаш ненадејно ќе ги стигне погибел, како што ја напаѓаат родилни маки секоја непразна жена, и нема да избегнат. Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да ве затече како крадец. Бидејќи сите вие сте синови на светлината и синови на денот: ние не сме синови на ноќта, ниту на темнината. И така, да не спиеме, како и другите, туку да бидеме будни и трезвени. Зашто оние, што спијат, ноќе спијат, и кои што се опиваат, ноќе се опиваат. Ние, пак, бидејќи синови на денот, да бидеме трезвени и »облечени во оклоп« на верата и љубовта и »шлем« на надежта за спасение, зашто Бог нѐ определи не за гнев, туку да добиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос, Кој умре за нас, та ние, будни ли сме, или спиеме, да живееме заедно со Него. Поради тоа советувајте се помеѓу себе и поправајте го својот ближен, како што и правите! И ве молам, браќа, да ги уважувате оние, што се трудат меѓу вас, што се ваши претстојници во Господа, и оние кои ве учат. И кон нив да имате преголема љубов заради нивното дело. Живејте во мир помеѓу себе! Браќа, ве молам, поучувајте ги неуредните, утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите. Гледајте, никој никому да не враќа зло за зло; туку секогаш барајте добро еден на друг, и на сите! Радувајте се секогаш! Молете се постојано! Благодарете за сѐ, оти таква е волјата Божја во Христа Исуса спрема вас! Не гаснете го Духот! Пророштвата не ги унижувајте! Сѐ испитувајте, за доброто држете се! Клонете се од секакво зло! А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сѐ, и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос! Верен е Оној, Кој ве повикува, Кој и ќе го направи тоа. Браќа, молете се за нас! Поздравете ги сите браќа со свет целив! Ве заколнувам во Господа ова послание да го прочитате на сите свети браќа. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас. Амин! Од Павла, Силвана и Тимотеја до црквата Солунска во Бога Отецот наш и Господа Исуса Христа: благодат вам и мир од Бога Отецот наш и Господа Исуса Христа! Должни сме секогаш да Му благодариме на Бога за вас, браќа, онака како што прилега, затоа што верата ваша необично многу расте, и заемната љубов кај сите вас да изобилува, така што ние самите да се фалиме со вас во Божјите цркви за вашето трпение и вера, при сите прогони и маки, што ги поднесувате: тоа е доказ за праведниот Божји суд, дека вие ќе се удостоите со царството Божјо, за кое страдате. Бидејќи справедливо е пред Бога да им ги врати маките ваши на оние, што ве мачеа, а вам, на мачените, да ви даде утеха заедно со нас, кога Господ Исус ќе се јави од небото со ангелите на Својата сила, во пламенен оган да им се одмаздува на оние, кои не Го познаваат Бога, кои не се покоруваат на Благовестието на нашиот Господ Исус Христос и кои со вечна погибел ќе бидат казнети од лицето на Господа и од славата на Неговата моќ, кога ќе дојде Он за да биде прославен во оној ден среде Своите светии, и да Му се восхитуваат сите оние што поверуваа, а исто така и вие, бидејќи со вера го примивте нашето сведоштво. Затоа и се молиме секогаш за вас, да ве удостои нашиот Бог за звањето и да се исполни со сила секоја желба за добрина и секое дело на верата, та да се прослави во вас името на нашиот Господ Исус Христос, и вие во Него по благодатта на нашиот Бог и на Господа Исуса Христа. А што се однесува до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и нашето собирање при Него, ве молам, браќа, да не се поколебате лесно во мислите свои и да доаѓате во ужас било преку духот, било преку словото, или преку послание, како да е од нас испратено, како божем настапува веќе Христовиот ден. Никој да не ве измами ни по каков начин; оти оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓањето и не се открие човекот на гревот, синот на погибелта, кој што се противи и се превознесува над сѐ, што се наречува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, покажувајќи се дека е Бог. Не помните ли дека, уште кога бев при вас, ви зборував за тоа? И сега знаете што Го задржа Него да се открие во Свое време. Тајната на беззаконието веќе дејствува, само тоа нема да биде извршено, додека не се отргне оној, што ја задржува сега; тогаш ќе се открие и беззаконикот, кого што Господ Исус ќе го убие со здивот на устата Своја, и преку блесокот на Своето доаѓање ќе го истреби оној, чие јавување, по дејството на сатаната, е со секаква сила и знаци и лажни чудеса, и со секакво неправедно измамување меѓу оние, кои загинуваат, затоа што не ја примиле љубовта на вистината за своето спасение. И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата, та да бидат осудени сите, кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата. Ние, пак, сме должни да Му благодариме на Бога за вас секогаш, возљубени од Господа браќа, затоа што од почетокот, преку осветувањето од Светиот Дух и преку верата во вистината, Бог ве избра за спасение, кон кое ве повика преку нашето Благовестие, за да ја придобиете славата на нашиот Господ Исус Христос. И така, браќа, стојте и држете ги преданијата, што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание. А сам Господ наш, Исус Христос, и Бог и Отец наш, Кој нѐ возљуби и преку благодатта Своја ни даде вечна утеха и добра надеж, нека ги утеши срцата ваши и да ве утврди во секое слово и добро дело! Потоа, браќа, молете Му се на Бога, за нас, та словото Господово да се распространува и да се слави на секое место, како и меѓу вас, и да се избавиме од жестоки и злобни луѓе, бидејќи не сите имаат вера. Но верен е Господ, Кој ќе ве утврди и запази од лукавиот. Ние сме уверени за вас во Господа дека го вршите и дека ќе го вршите она што ви го заповедаме. А Господ нека ги управи срцата ваши кон љубовта Божја и трпението Христово! Ви заповедам, браќа, исто така во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат, кој живее неуредно, а не според преданието, што го добија од нас! Сами знаете како треба да се угледате на нас, бидејќи ние не живеевме неуредно при вас, ниту, пак, при некого јадевме леб дарум, туку работевме со труд и мака дење и ноќе, за да не му додеваме на никого од вас. И не поради тоа што немавме власт, туку за да бидеме пример, та да се угледате на нас. Зашто, кога бевме меѓу вас, ви го заповедавме ова – дека кој не сака да работи, нека и не јаде. Но слушаме оти некои од вас живеат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи; на таквите им заповедаме и ги молиме во нашиот Господ Исус Христос да работат мирно и да го јадат својот леб. А вие, браќа, не паѓајте со духот, кога вршите добро. Ако некој не ги послуша нашите зборови од ова послание, означете го и не дружете се со него, за да се посрами; но не сметајте го за непријател, туку поучувајте го како брат. А Сам Господ на мирот нека ви даде мир секогаш и во секое дело! Господ нека е со сите вас! Своерачен поздрав од мене, Павла; тоа е белег во секое послание; јас пишувам така: благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин! Од Павла, апостолот на Исуса Христа, во повелба на Бога нашиот Спасител и Господа Исуса Христа, нашата надеж, до Тимотеја, вистинското чедо по вера. Благодат, милост, и мир од Бога Отецот наш и Христа Исуса нашиот Господ! Како што на тргнување за Македонија те молев да останеш во Ефес, така и сега те молам да им заповедаш на некои, да не проповедаат друго учење, ниту да се занимаваат со басни и бескрајни родословија, кои што предизвикуваат повеќе расправии, отколку распоредби Божји по верата. А целта на заповедта е: љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера. Некои, откако не ги постигнаа тие работи, се оддадоа во празнословија, сакајќи да бидат учители по Законот, но не разбираат ни што зборуваат, ниту што утврдуваат. А ние знаеме дека Законот е добар, ако се држи како што треба, знаејќи дека Законот не е установен за праведник, туку за беззаконици и непокорници, за нечестивци и за грешници, за неправедни и погани, за оние што ги опскрбуваат таткото свој и мајка си, за човекоубијци, за блудници, за мажеложници, разбојници, клеветници, скотоложници, лажливци, клетвопрестапници и за сѐ друго, што е противно на здравата наука, според славното на блажениот Бог Благовестие, кое ми е поверено. Му благодарам на Христа Исуса, нашиот Господ, Кој ми даде сили, со што ме призна за верен и ми определи служба, мене, кој порано бев хулител, гонител и мачител; но ме помилува, бидејќи тоа го вршев, без да знам, во неверие. Но со верата и љубовта во Христа Исуса се преумножи благодатта на нашиот Господ. Верни се и достојни за секакво примање зборовите, дека Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас. Па затоа бев помилуван, за да ја покаже Исус Христос прво на мене сета долготрпеливост, како пример на оние, кои што ќе поверуваат во Него за живот вечен. А на Царот на вековите, на Нераспадливиот, Невидливиот, Единствен премудар Бог – нека е чест и слава во сите векови. Амин! Чедо Тимотеј, оваа заповед ти ја предавам според поранешните пророштва за тебе, за да се бориш согласно со нив како добар војник, имајќи вера и добра совест, која што некои ја отфрлија и претрпеа бродолом во верата; меѓу нив се Именеј и Александар, што ги предадов на сатаната, за да се научат да не хулат. Молам, пред сѐ, да се прават просби, молитви, молби и благодаренија за сите луѓе: за царевите и за сите што се на власт, та да поживееме тих и мирен живот во потполна побожност и чистота; оти тоа е добро и угодно пред нашиот Спасител Бога, Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината. Зашто еден е Бог, и еден е Посредникот помеѓу Бога и луѓето – Човекот Христос Исус, Кој се даде Себеси како откуп за сите – а тоа се посведочи во свое време; па затоа сум поставен како проповедник и апостол – зборувам вистина во Христа, не лажам – како учител на иноверците во верата и вистината. И така, мажите сакам да се молат на секое место, кревајќи ги чистите раце без гнев и сомневање. Исто така и жените, облечени пристојно, со срамежливост и чесност да се украсуваат, не со плетенки, ни со злато, или со бисери, или со скапоцени облеки, туку со добри дела, како што им прилега на жени, што ѝ се посветуваат на побожноста. Жената да се учи во мир и потполно покорство. На жена не ѝ позволувам да поучува, ниту да господари над мажот, туку да биде мирна. Бидејќи порано беше создаден Адам, а потоа Ева; и Адам не беше измамен, туку жената беше измамена и направи престап: но ќе се спаси преку раѓање деца, ако остане во верата, љубовта и во светоста со чесност. Верно е словото: сака ли некој епископство, тој сака добра работа. Но епископот треба да е непорочен, маж на една жена, трезвен, целомудрен, чесен, почитуван, гостољубив, поучлив; не пијаница, не силеџија, не лаком, туку кроток, мирољубив и не среброљубив; својата куќа добро да ја управува и да има деца послушни со полно достоинство; зашто, кој не умее да ја управува својата куќа, како тогаш ќе се грижи за Црквата Божја? Да не е новопокрстен, за да не се возгордее и падне во суд со ѓаволот. Тој треба уште да има и добро сведоштво од надворешните, за да не биде укоруван и да не падне во примката на ѓаволот. Ѓаконите, исто така, треба да бидат чесни, не двојазични, да не се страстни за вино, ниту лакоми за гнасна печалба; да ја пазат тајната на верата со чиста совест. И тие треба најнапред да бидат испитани, та после, ако се непорочни, да станат ѓакони. Исто така и нивните жени треба да бидат чесни, да не се клеветнички, туку трезвени и верни во сѐ. Секој од ѓаконите треба да биде маж на една жена, добро да управува со децата свои и куќата своја. Оти оние, што служат добро, се здобиваат со висок чин и голема слобода во верата што ја имаат во Исуса Христа. А ова ти го пишувам, со надеж дека скоро ќе дојдам при тебе. Ако некако се позабавам, да знаеш како треба да постапуваш во Божјиот дом, кој е Црква на живиот Бог, столб и тврдина на вистината. И, навистина, голема е тајната на побожноста: Бог се јави во плот, посведочен беше од Духот, се покажа на ангелите, беше проповедан на народите, светот Му поверува, и се вознесе во слава. А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења, преку лицемерството на оние, што зборуваат лага и имаат жигосана совест; кои што забрануваат да се стапува во брак и советуваат воздржување од јадења, што ги создал Бог, верните да ги јадат со благодарност и оние, што ја познаа вистината. Оти секое творение Божјо е добро и ништо не е за отфрлување, штом се прима со благодарност, бидејќи се осветува преку словото Божјо и со молитва. Кога ќе ги советуваш во ова браќата, ќе бидеш добар слуга на Исуса Христа, хранет со зборовите на верата и на доброто учење, што си го примил. Од погани и бапски приказни одбегнувај, туку обучувај се во побожност; оти телесното обучување е малку корисно, а побожноста е полезна за сѐ, бидејќи во себе има ветување за сегашниот и за идниот живот. Тие зборови се верни и достојни за секакво примање, затоа и се трудиме и укори трпиме, оти се надеваме на живиот Бог, Кој е Спасител на сите луѓе, а посебно на верните. Ова препорачувај го и поучувај! Никој нека не ја презира твојата младост, туку на верните да им служиш како пример во словото, животот, љубовта, духот, верата и чистотата! Додека дојдам, занимавај се со читање, со утешување и со поучување! Не занемарувај ја дарбата што е во тебе, и која што ти беше дадена преку пророштво со полагање раце врз тебе од свештенството! Грижи се за тоа, биди во него, та успехот твој да се покаже во сѐ! Пази на себе и на учењето; биди постојано во тоа, оти, ако постапуваш така, ќе се спасиш и сам и оние што те слушаат. Не укорувај старец, туку почитувај го како да ти е татко; помладите, пак, како да ти се браќа; старите жени – како мајки, младите – како сестри, со секаква чистота. Вдовиците почитувај ги, но вистинските вдовици. Ако, пак, некоја вдовица има деца или внуци, тие најнапред нека се научат да го почитуваат својот дом и со тоа да им се отплатуваат на родителите свои, бидејќи тоа е добро и угодно пред Бога. А онаа, што е вистинска вдовица и останала сама, таа се надева на Бога и пребива во молитви и молења дење и ноќе, но онаа, пак, што живее распуштено, таа уште при животот умрела. Порачувај им го уште и тоа, да бидат беспорочни. Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник. За вдовица да се прими жена не помлада од шеесет години, и тоа таква што имала само еден маж, позната по добри дела; ако деца одгледувала, ако била гостољубива, нозе на светии миела; ако им помагала на пострадани и секое добро дело усрдно следувала. А помлади вдовици не примај, оти кога ќе побеснат против Христа, ќе сакаат да се мажат. Тие потпаѓаат под суд, зашто ја отфрлиле порано дадената верност. Освен тоа, бидејќи без работа, навикнуваат да одат од куќа во куќа; и не само без работа, туку се и јазичарки, љубопитни и зборуваат што не прилега. И така, сакам помладите вдовици да се мажат, да раѓаат деца, да вртат куќа и да не му даваат никаков повод на противникот за хулење; оти некои веќе се повлекоа по сатаната. Ако некој верен или верна има во куќата вдовици, нека се грижи за нив, та да не се товари Црквата, за да може да пригледува вистински вдовици. А презвитерите, што добро ја извршуваат својата претстојна служба, нека се удостојуваат со двојна почит; а најмногу, пак, оние, кои се трудат во словото и во поуката. Оти Писмото вели: »Не заврзувај уста на вол, кој врши«, и »работникот ја заслужува својата плата.« Обвинение против презвитер не примај, освен пред двајца или тројца сведоци. А оние што грешат, искарај ги пред сите, та и другите да имаат страв. Те заколнувам пред Бога, пред Господа Исуса Христа и пред избраните ангели да го пазиш ова без лицемерност и ништо да не правиш по пристрасност. Раце на никого не полагај пребрзано, ниту, пак, на туѓи гревови да стануваш соучесник! Пази се себе чист! Не пиј веќе само вода, но употребувај по малку и вино, поради стомакот и честите боледувања! Гревовите на некои луѓе се познати и однапред ги водат на суд, а на некои по нив одат. Исто така и добрите дела се познати; а оние што не се такви, не можат да се сокријат. Оние, кои се наоѓаат под ропско иго, господарите свои нека ги сметаат како достојни за секаква почест, за да не се хули името Божјо и учењето. Оние, пак, кои имаат господари што поверувале, нека не се однесуваат кон нив незаинтересирано, затоа што се браќа; туку со поголема усрдност да служат, бидејќи тие, што ги добиваат нивните услуги, се верни и возљубени. Така поучувај и советувај! Кој поучува инаку и не врви по здравите зборови на нашиот Господ Исус Христос и според учењето за благочесноста, тој е помрачен од гордоста, не знае ништо и е болен од празни препирки и запрашувања, од кои произлегуваат зависта, карањето, хулењето, лошите мисли; залудните препирки меѓу луѓето, што имаат изопачен ум, лишени се од вистината; тие мислат дека побожноста служи за трговија. Бегај од такви! А голема печалба е, навистина, да биде човек благочестив и задоволен со себеси. Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме. Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни. А оние, што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел. Зашто коренот на сите зла е среброљубието, на кое што некои, откако му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки. Но ти, човеку Божји, бегај од ова и стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост и кротост! Бори се во добриот подвиг на верата; држи се за вечниот живот, за кој си и повикан и си дал добра исповед пред многу сведоци. Ти заповедам пред Бога, Кој сѐ оживотворува, и пред Исуса Христа, Кој ја посведочи добрата исповед пред Понтиј Пилат, да ја запазиш заповедта чиста и беспрекорна дури до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, кое што, кога ќе му дојде времето, ќе Го открие Блажениот и единствен владетел, Цар над царевите и Господар над господарите, Кој е единствен бесмртен и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го види. Нему нека Му е чест и сила во сите векови. Амин! Заповедај им на богатите од овој свет да не се гордеат, ниту да се надеваат на непостојаното богатство, туку на живиот Бог, Кој ни дава за наслада сѐ во изобилие; нека прават добро, нека богатеат со добри дела, да бидат штедри и пристапливи, и по таков начин да си собираат сокровиште – добра основа за иднината, за да постигнат живот вечен. О Тимотеје, пази го она што ти е предадено, и клони се од нечисти и празни разговори и од расправии на лажната наука, со која, откако некои се занимаваа, се отклонија од верата. Благодатта нека биде со тебе. Амин! Павле, апостолот на Исуса Христа по волја Божја, според ветениот живот во Христа Исуса, до Тимотеја, возљубеното чедо. Благодат, милост и мир од Бога Отецот и од Христа Исуса, нашиот Господ! Му благодарам на Бога, Кому уште од прародителите Му служам со чиста совест, затоа што постојано те спомнувам во молитвите свои дење и ноќе; сеќавајќи се за твоите солзи, копнеам да те видам, за да се исполнам со радост, и спомнувајќи си за твојата нелицемерна вера, која порано се всели во твојата баба Лоида и во мајка ти Евника, а убеден сум дека ја има и во тебе. Поради тоа ти напомнувам да го распалуваш Божјиот дар, кој е во тебе преку моето ракополагање. Зашто Бог не ни го даде духот на стравот, туку духот на силата, љубовта и трезвеноста. И така, не срамувај се од страдањата на нашиот Господ Исус Христос, ниту од мене, Неговиот затвореник, туку стани учесник во страдањата за Благовестието Христово по силата на Бога, Кој нѐ спаси и нѐ повика кон свето звање, не поради нашите дела, туку по Својата добра волја и благодатта, што ни е дадена во Христа Исуса пред вечните времиња, а откриена сега со доаѓањето на нашиот Спасител Исус Христос, Кој ја уништи смртта и го осветли животот и нераспаѓањето преку Евангелието, за кое што сум поставен како проповедник, апостол и учител на иноверците. Затоа така и страдам; но не се срамувам, зашто знам во Кого сум поверувал и уверен сум дека Он е моќен мојот залог да го запази за оној ден. Имај ги, како образец, здравите зборови, што си ги чул од мене, со вера и љубов во Христа Исуса! Запази го добриот залог преку Светиот Дух, Кој живее во нас! Го знаеш тоа дека од мене се одвратија сите Азијци, меѓу кои и Фигел и Ермоген. Господ нека му даде милост на домот на Онисифора, зашто многупати ме успокои и не се посрами од веригите мои; а, кога дојде во Рим, ме побара со уште поголема грижа и ме најде. Господ нека му даде да најде милост во Него во оној ден! – А колку ми услужи тој во Ефес, ти тоа најдобро го знаеш. Чедо мое, потсилувај се во благодатта, што ти е дадена од Христа Исуса, и сѐ, што си чул од мене пред многу сведоци, предај го на верни луѓе, кои се способни и други да научат. Па така, поднесувај страдања како добар војник на Исуса Христа. Оти ниеден војник не се вплетува во светски работи, за да му угоди на својот началник. А ако, пак, некој војува, сепак венец не добива, бидејќи не се борел според правилата. Земјоделецот што се труди, прв треба да вкуси од плодот. Разбери што ти зборувам; а Господ нека ти даде разум во сѐ! Помни Го Господа Исуса Христа од родот Давидов, Кој воскресна од мртвите, онака како што ви проповедав, поради кое страдам, дури до окови, како злочинец. Но словото Божјо не се врзува. Затоа сѐ трпам заради избраните, та и тие да добијат спасение во Христа Исуса со вечна слава. Верни се зборовите: »Ако со Него сме умреле, со Него и ќе оживееме. Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме, и Он ќе се одрече од нас. Ако не веруваме, Он останува верен, бидејќи Сам Себеси не може да се одрече.« Ова напомнувај го и сведочи пред Господа за да не се препираат, оти препирките ништо не помагаат, а дури им штетат на оние, што слушаат. Погрижи се пред Бога да се покажеш како достоен и беспрекорно работлив, кој верно го проповеда словото на вистината. А од непристојни и празни зборови клони се, зашто тие ги водат луѓето секогаш кон безбожност. И словото нивно ќе се пренесува како жива рана. Такви се Именеј и Филит, кои отстапија од вистината, говорејќи дека воскресението веќе станало, и со тоа им попречуваат во верата на некои. Но Божјата цврста основа стои непоколебливо, имајќи го овој печат: »Ги позна Господ Своите« и »Да отстапи од неправдата секој, што го произнесува името Господово!« Во голем дом има не само златни и сребрени садови, туку и дрвени, и земјани; и едните се за почесна употреба, а другите за нечиста. И така, ако некој се очисти од тоа, тој ќе биде сад за почест, осветен, приспособен за употреба на господарот и приготвен за секое добро дело. Избегнувај ги, исто така, и желбите на младоста, туку стреми се кон правда, вера, љубов и мир со оние, што Го призовуваат Господа од чисто срце! Глупави и празни расправии избегнувај, знаејќи дека тие породуваат кавги! А слугата Господов не треба да влегува во расправии; туку да биде кроток кон сите, поучлив и незлобив. И со кротост поучувај ги оние што се противат, та не би ли им дал Бог покајание, за да ја познаат вистината, и да се ослободат од мрежата на ѓаволот, кој ги уловил живи, за да ја исполнуваат неговата волја. Но ова знај го: во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвратувај се! Кон нив припаѓаат и оние што се завлекуваат по куќите и измамуваат жени, што се претоварени со гревови и обземени од разни похоти, жени, кои секогаш се учат и никогаш не можат да дојдат до познавањето на вистината. Па, како што му се противеа на Мојсеја Јаниј и Јамвриј, така и тие ѝ се противат на вистината, бидејќи се луѓе со изопачен ум, неискусни во верата. Но нема да успеат повеќе, зашто безумието нивно ќе се открие пред сите, како и на оние двајца. Ти се угледа на моето учење, животот, целта, верата на мојата големодушност, љубовта, трпеливоста, на моите гонења и страдања, што ми се случија во Антиохија, и во Иконија, и во Листра, какви прогони претрпев; и од сѐ Господ ме избави. Па и сите, што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети. А лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото, заблудувајќи други како и себеси. Но ти остани во тоа, што си го научил, и што ти е поверено, знаејќи од кого си го научил, бидејќи уште како мал ги знаеш Светите Писанија, што можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христа Исуса. Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата, за да биде Божјиот човек совршен и годен за секое добро дело. И така, те заколнувам пред Бога и нашиот Господ Исус Христос, Кој ќе им суди на живите и мртвите, кога ќе дојде Он и Неговото царство: проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, изобличувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука. Оти ќе дојде време, кога луѓето нема да го слушаат здравото учење, но водени по своите похоти, ќе си изберат учители да им го залажат слухот; тие ќе го одвратат слухот свој од вистината и ќе се обрнат кон бајки. Но ти во сѐ биди трезвен, претрпи зло, направи дело достојно на евангелист, службата своја исполнувај ја добро! Зашто јас веќе станувам жртва, а времето на моето одење настапи. Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото доаѓање. Погрижи се да дојдеш при мене скоро! Оти Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниов свет, и отиде во Солун; Крискент – во Галатија, Тит – во Далмација. Само Лука е со мене. Земи го Марка и доведи го со себеси, оти ми е нужен во службата! А Тихика го пратив во Ефес. Кога ќе дојдеш, донеси ја наметката, што ја оставив во Троада, кај Карп и книгите, а особено пергаментите. Ковачот Александар ми направи големо зло. Нека му врати Господ според делата негови! Од него пази се и ти, бидејќи тој необично многу се воспротиви на нашите зборови! При мојата прва одбрана никого немаше при мене: сите ме оставија. Нека не им се прими за грев! Но Господ беше со мене и ме укрепи, та преку мене да се утврди Благовестието и да чујат сите незнабошци; и јас се избавив од устата на лавот. Господ ќе ме избави од секакво лошо дело и ќе ме запази за Своето небесно царство. Нему слава во веки веков. Амин! Поздрави ги Прискила и Акила, и Онисифоровиот дом. Ераст остана во Коринт. А Трофим го оставив болен во Милет. Побрзај да дојдеш пред зимата! Те поздравуваат Евул, Пуд, Лин, Клаудија и сите браќа. Господ Исус Христос нека е со твојот дух! Благодат на сите вас. Амин! Павле, слуга Божји и апостол на Исуса Христа за верата на Божјите избраници и за познавање на вистината во побожноста, со надеж за вечен живот, што го вети вечниот Бог, Кој не лаже – пред вечни времиња, и во свое време го јави словото Свое преку проповедта, што ми ја повери мене по заповед на нашиот Спасител, Бога, до Тит, вистинското чедо по заедничката вера. Благодат, милост и мир од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа, нашиот Спасител! Затоа те оставив во Крит, за да го довршиш несвршеното и во сите градови да поставиш презвитери, како што ти бев порачал: кој е непорочен, маж на една жена и има деца верни, што не се укорувани за блудство или непокорност. Бидејќи епископот, како Божји распоредник, треба да е непорочен, не гневлив, не пијаница, не тепач, не лаком за гнасна печалба, туку гостољубив, доброљубив, трезвен, справедлив, свет, воздржлив; кој се држи според вистинското слово, онака како што е научен, та да биде силен и да поучува во здравото учење, и да ги изобличува оние, кои се противат. Оти има и мнозина непокорни, празнословци и измамници, а особено меѓу обрезаните, на кои треба да им се затвори устата: тие растураат цели домови, учејќи на она што не треба, поради одвратна печалба. Еден од нив, нивни пророк, беше рекол: »Критјаните се секогаш лажливци, зли ѕверови, мрзливи трбуси«. Тоа сведоштво е вистинско. Поради таа причина изобличувај ги строго, за да бидат здрави во верата, и да не слушаат јудејски бајки и заповеди од луѓе, кои одвраќаат од вистината. За чистите е сѐ чисто, а за осквернетите и неверните нема ништо чисто; ним им се осквернети и умот и совеста: тие зборуваат дека Го познаваат Бога, а со делата свои Го одречуваат, бидејќи се одвратни, непокорни и негодни за никакво добро дело. А ти, пак, зборувај го она што се согласува со здравото учење: старците да бидат трезвени, целомудрени, чисти, здрави во верата, во љубовта, во трпението; старичките, исто така, да живеат како што им прилега на светии – да не клеветат, да не се предаваат на многу вино, да учат за добро, за да ги вразумуваат невестите да ги сакаат мажите свои и децата свои; да бидат целомудрени, чисти, добри домаќинки, благи, покорни на своите мажи, та да не се хули словото Божјо. Исто така, советувај ги младежите да бидат чесни, а во сѐ претстави се сам како образец за добри дела, покажувајќи чистота во учењето, нерасипаност, чесност: слово здраво, без укор, та да се посрами противникот, бидејќи не ќе има да рече ништо лошо за нас. Советувај ги слугите да ги слушаат своите господари, да им угодуваат во сѐ, не повраќајќи им; да не крадат, туку во сѐ да покажуваат добра верност, та науката на нашиот Спасител, Бога, да ја украсуваат во сѐ. Бидејќи се јави Божјата благодат, спасителна за сите луѓе, учејќи нѐ да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век, да чекаме да се исполни блажената надеж и да се јави славата на великиот Бог и Спасител, нашиот Исус Христос, Кој Се даде самиот Себе за нас, за да нѐ избави од секакво беззаконие и да нѐ очисти, та да Му бидеме народ избран, ревносен кон добри дела. Ова зборувај, и советувај, и изобличувај со полна власт; никој да не те презира. Напомнувај им да се покоруваат на началствата и властите, да бидат готови за секое добро дело, никого да не хулат, да не се караат, туку да бидат мирни, и да покажуваат секаква кротост кон сите луѓе. Бидејќи и ние некогаш бевме неразумни, непокорни, заблудени, бевме робови на желби и на разни сладострастија, живеевме во злоба и завист, бевме одвратни, се мразевме еден со друг. А кога се јави добротата и човекољубието на нашиот Спасител, Бога, Он нѐ спаси, но не според извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост, преку бањата на преродување – и обновата од Светиот Дух, Кого изобилно Го излеа на нас преку Исуса Христа, нашиот Спасител, та оправдани со Неговата благодат да станеме по надеж наследници на вечниот живот. Верни се тие зборови; и јас сакам да го утврдуваш тоа, та оние, што поверувале во Бога, да се трудат и да се грижат за добри дела: ова е полезно и добро за луѓето. А од глупави распрашувања и родослови на племињата, од препирки и расправии, по однос на Законот, клони се, зашто се бесплодни и празни. Бегај од човек еретик, откако еднаш и по вторпат го советуваш, знаејќи дека таков човек се изопачил, греши и дека се осудил сам себеси. Кога ќе ги пратам при тебе Артема и Тихика, побрзај да дојдеш кај мене во Никопол, зашто решив таму да презимувам. Законикот Зина и Аполос погрижи се да ги обезбедиш така, та од ништо да немаат потреба. И нашите нека се учат да прават добри дела за неопходните потреби, та да не бидат бесплодни. Те поздравуваат сите што се со мене. Поздрави ги оние, кои нѐ милуваат по вера. Нека биде благодатта со сите вас. Амин! Павле, затвореник на Исуса Христа, и братот Тимотеј, до возљубениот Филимон, нашиот сотрудник, и до Апфија, возљубената сестра, и до Архип, нашиот другар во војувањето, и до твојата домашна црква. Благодат вам и мир од Бога, нашиот Отец, и од Господа Исуса Христа! Секогаш Му благодарам на мојот Бог, кога те спомнувам во молитвите свои, бидејќи слушам за твојата љубов и вера, која ја имаш во Господа Исуса и кон сите светии, и молам твојата вера, што ја имаме заедно, да се покаже на дело во познавањето на секое добро, кое го имате во Христа Исуса. Зашто ние многу се радуваме и утешуваме поради твојата љубов, брате, бидејќи преку тебе се успокоија срцата на светиите. Затоа, иако имам во Христа голема слобода да ти заповедам како што треба, сепак од љубов кон тебе, те молам јас, каков што сум, старецот Павле, а сега и затвореник Исус Христов, те молам за моето чедо Онисим, што го родив во оковите свои: и тој некогаш беше непотребен за тебе, а сега ни е многу потребен и тебе и мене, и го праќам назад; а ти прими го како мое срце. Јас сакав да го задржам при мене, за да ми служи место тебе во оковите за Благовестието; но без твоја согласност не сакав ништо да направам, за да биде твојата добрина не како принуда, туку доброволна. Зашто, можеби, тој поради тоа се одвои од тебе за малку време, за да го примиш засекогаш, не веќе како роб, а повеќе од роб, како возљубен брат, а особено за мене, и уште повеќе за тебе – и по тело и во Господа. И така, ако ме имаш за соучесник, прими го како мене. Ако, пак, во нешто ти згрешил или ти е должен, префрли го тоа на моја сметка. Јас, Павле, напишав со својата рака: јас ќе платам, за да не ти речам, дека ти и самиот цел си ми должен. Да, брате, да го добијам од тебе во Господа она, за што Го молам; развесели го срцето мое во Господа. Убеден во твојата послушност, ти напишав, знаејќи дека ќе направиш и повеќе отколку што ти велам. А заедно со ова приготви ми и потслон, оти се надевам дека со вашите молитви ќе ви бидам даруван вам. Те поздравува Епафрас, кој е со мене затвореник во Христа Исуса, Марко, Аристарх, Димас, Лука – моите сотрудници. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вашиот дух. Амин! Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на оците наши преку пророците, во последниве дни ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сѐ, преку Кого ги создаде и вековите и Кој, бидејќи светлост на славата и обличје на Неговото суштество, и држејќи сѐ со Своето моќно слово, откако преку Себе ги очисти нашите гревови, седна од десната страна на престолот на величието во висините и стана толку погорен од ангелите, во колку пославно име од нив наследи. Зашто кому од ангелите му рекол некогаш: »Ти си Син Мој, Јас Те родив денес«, и пак: »Јас ќе Му бидам Татко, а Он ќе ми биде Син?« Исто така, кога Го воведе Првородниот во вселената, рече: »Да Му се поклонат сите ангели Божји!« За ангелите, пак, е речено: »Ти ги правиш ангелите Свои духови, и служителите Свои оган пламенен«, а за Синот: »Твојот престол, Боже, е вечен« и »Жезалот на правдата е жезал на царството Твое. Тебе Ти омиле правдата, а омрзна беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог Те помаза со елеј на радоста повеќе од Твоите соучесници«. И пак: »Во почетокот Ти, Господи, си ја основал земјата, а и небесата се дело на Твоите раце; тие ќе загинат, Ти остануваш; сите ќе изветвеат како облека; ќе ги свиткаш како наметало, и тие ќе се изменат: но Ти си секогаш Ист, и Твоите години нема да се свршат«. А на кого од ангелите Бог некогаш му рекол: »Седи од Мојата десна страна, дури непријателите Твои не ги ставам во подножјето на нозете Твои?« Нели се тие сите службени духови, определени да им служат на оние, што ќе го наследат спасението? Затоа треба да бидеме нарочно внимателни кон она, што го чувме, па да не би некако да отпаднеме. Оти, ако реченото слово преку ангелите се покажа верно, и ако секој престап и секоја непослушност прими праведна отплата, како тогаш ќе избегнеме, ако занемариме такво големо спасение, кое, најнапред проповедано од Господа, се потврди од оние што го беа чуле од Него, кога и Бог им го потврди сведоштвото со знаци и чудеса, со разни сили и со раздавање дарови на Светиот Дух по Своја волја. Зашто Бог не на ангелите им ја покори идната вселена, за која што зборуваме, туку, напротив – некој зборувајќи негде посведочи: »Што е човекот, та го помниш, или Син Човечки, та да го посетуваш? Си го понизил нешто малку подолу од ангелите, но со слава и чест си го овенчал и си го поставил над делата од Твоите раце; сѐ си покорил под нозете негови.« А кога сѐ му покори, ништо не му остави непокорено; но сега уште не гледаме дека му е сѐ покорено. А гледаме дека Исус Христос, Кој беше нешто малку понизен од ангелите, поради претрпената смрт се увенча со слава и чест, та, по Божјата благодат, да вкуси смрт за сите. Зашто Му прилегаше на Оној, поради Кого е сѐ и од Кого е сѐ, откако многу синови прослави, преку страдања да го усоврши Началникот на нивното спасение. Бидејќи Оној, што осветува, и оние, што се осветуваат, сите се од Еден; и затоа не се срамува да ги нарече браќа, велејќи: Ќе го возвестам името Твое меѓу браќата Мои, насред црква ќе Те воспеам. И пак: »Јас ќе се надевам на Него«. И одново: »Ете Ме мене и децата Мои, што Ми ги даде Бог«. А бидејќи децата се учесници во телото и крвта, тоа и Он зеде еднакво учество во тоа, та преку смртта да го победи оној, што ја има власта над смртта, односно ѓаволот; и да ги избави оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство. Оти, навистина, не од ангели прими природа, а од потомството на Авраама прими; затоа должен беше во сѐ да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите народни. Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне. Затоа, браќа свети, учесници во небесното призвание, познајте Го Пратеникот и Првосвештеникот на нашата вера, Исуса Христа, Кој Му е верен на Оној, Кој Го поставил, како и Мојсеј – во целиот Му дом. Оти Он се удостои со толку поголема слава, отколку Мојсеевата, во колку поголема чест од домот има Оној, Кој го создал; зашто секој дом се гради од некого; а Оној, Кој создал сѐ, е Бог. И Мојсеј Му беше верен како слуга на целиот Негов дом, за да го посведочи она, што имаше да се соопшти. А Христос, како Син, е во Својот дом: Негов дом, пак, сме ние, само ако слободата и надежта, со кои се фалиме, ги запазиме до крај. Поради тоа, како што вели Светиот Дух: »Денес, кога ќе го чуете гласот Негов, да не ги ожесточите срцата свои, како кога се прогневивте во денот на искушувањето во пустината, каде што татковците ваши Ме искушаа, Ме испитаа и ги видоа делата Мои преку четириесетте години. Затоа се расрдив на тој род и реков: секогаш се заблудуваа во срцата свои и не ги познаа патиштата Мои. Затоа се заколнав во Својот гнев дека нема да влезат во Мојот покој«. Браќа, гледајте, да не би во некого од вас, да има лошо срце за верата, та да отстапи од живиот Бог. Туку потсетувајте се секој ден, додека се вели: »денес«, та никој од вас да не отрпне преку измама на гревот; оти ние станавме соучесници на Христа. Само, како што почнавме да добиваме од Него, да останеме наполно верни до крај; додека се вели »денес, кога ќе го чуете Неговиот глас, да не отрпнат срцата ваши онака, како кога бевте гневни«. Зашто некои, откако чуја, се побунија, но не сите, што со Мојсеја излегоа од Египет. Против кои негодува Он четириесет години? Нели против оние, што погрешија и чии коски останаа во пустината? А на кои им се заколнал дека нема да влезат во Неговиот спокој, ако не на оние, што не сакаа да веруваат? И така, гледаме дека тие не можат да влезат поради неверието. Да се страхуваме пак, да не би, додека уште ни е оставено ветувањето за влегување во Неговиот спокој, некој од вас да задоцни. Оти и нам ни се соопшти, како и ним. Но словото, што го беа чуле, не им донесе полза, бидејќи оние, што го беа чуле, не поверуваа. А ние, кои поверувавме, влегуваме во Неговиот спокој, како што рекол Он: »Затоа се заколнав во гневот Свој дека тие не ќе влезат во Мојот спокој«, иако Неговите дела беа извршени уште од создавањето на светот. Оти негде за седмиот ден е речено вака: »И во седмиот ден Бог се одмори од сите Свои дела«. И на тоа место пак: »Не ќе влезат во спокојот Мој«. И така, бидејќи се предостави на некои да влезат во Него, а на оние, на кои им беше порано соопштено, не влегоа поради непослушноста; пак определи едно »денес«, велејќи преку Давида, по толку време, како што е речено погоре: »Денес, кога ќе го чуете гласот Негов, не стврднувајте ги срцата ваши«. Зашто, ако Исус Навин ги беше успокоил, Бог немаше да зборува веќе потоа за друг ден. Но, за народот Божји сѐ уште останува почивката саботна. Оти, кој ќе влезе во спокојот Негов, тој ќе се одмора од делата свои, како и Бог од Своите. И така, да се погрижиме да влеземе во оној спокој, та да не би некој да падне во слична непослушност. Зашто, словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето. И нема создание сокриено за Него, туку сѐ е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме. Имајќи Го големиот Првосвештеник, Кој преминал преку небесата, Исуса, Синот Божји, ние треба да се држиме за исповедувањето на верата. Оти, ние немаме таков Првосвештеник, што не може да не соучествува во нашите слабости, туку таков, Кој искусил сѐ како и ние, освен грев. И така, слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош. Зашто секој првосвештеник, кој од луѓе се избира, за луѓето се поставува на служба Божја, да принесува дарови и жртви за гревовите, и да може да ги разбира оние, што се неумешни и заблудени, бидејќи и сам е со слабости; и затоа е должен како за народот, така исто и за своите гревови да принесува жртви. И никој сам не се здобива со таква чест, освен оној, кој е повикан од Бога, како и Арон. Така и Христос не се прослави Сам Себеси, за да биде првосвештеник, туку Го прослави Оној, Кој Му рече: »Ти си Син Мој, Јас Те родив денес«; како што е на друго место речено: »Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков.« Во деновите на Својот земен живот, Он со силен вик и солзи упати молби и молитви кон Оној, Кој можеше да Го спаси од смртта, и, поради Својата побожност беше чуен, макар и Син, Он се научи на послушност преку она, што пострада, а, откако се усоврши, стана причина за вечно спасение на сите оние, кои Му се послушни, и од Бога беше наречен Првосвештеник по чинот Мелхиседеков. За ова би имале многу да ви зборуваме, што е и тешко да се толкува, бидејќи станавте немоќни за слушање. Зашто, иако според годините вие требаше веќе да бидете учители, вие сѐ уште имате потреба да ве учат – кои се првите начела на словото Божјо, и дојдовте до таква состојба, што имате потреба од млеко, а не од тврда храна. Секој, што се храни со млеко, не е опитен во словото на правдата, бидејќи е младенец; а тврдата храна е за совршените, кои благодарејќи на навиката, имаат чувства и се научени да разликуваат добро и зло. Затоа да го оставиме почетокот на Христовото учење и да се стремиме кон совршенство, да не полагаме пак основа на покајанието од мртви дела и на верата во Бога, на науката за крштавањето, за возлагањето раце, за воскресението на мртвите и за вечниот суд. И ова ќе го направиме, ако позволи Бог. Зашто оние, кои веднаш се просветија, вкусија од небесниот дар, станаа учесници на Светиот Дух. И, откако вкусија од добриот збор Божји и од силите на идниот век, отпаднаа – не е можно пак да бидат обновени за покајание, кога повторно во себеси го распнуваат Синот Божји и Го хулат. Оти земја, кога го впива дождот, што често паѓа на неа, и раѓа плод добар за оние што ја обработуваат, од Бога добива благослов; а онаа, што дава трње и боцки, таа е непотребна и близу е до проклетството, кое завршува со изгорување. Од вас, возљубени, ние очекуваме нешто подобро и спасително, иако така зборуваме. Зашто Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот во љубовта, што ги покажавте во Негово име, откако им послуживте и им служите на светиите. А ние сакаме, секој од вас да ја покажува истата усрдност за одржување на полната надеж до крај, та да не станете мрзливи, туку да ги подражавате оние, кои што преку вера и трпение ги добиваат ветувањата. Бог, кога му ветуваше на Авраама, бидејќи немаше ништо поголемо, во што би се заколнал, се заколна во Себеси, велејќи: »Навистина ќе те благословам и преблагословам, ќе те размножам и преумножам«, и така, со долго трпение, тој го доби ветеното. Луѓето, пак, се колнат во погорно од себеси, и клетвата како потврда на секоја нивна препирка тура крај. Затоа Бог, кога на наследниците на ветувањето сакаше нарочно да им ја покаже Својата неизменлива волја, посведочи со клетва, та преку две неизменливи работи, во кои не е можно Бог да излаже, да имаме голема утеха и ние, кои што прибегнуваме да се прифатиме за надежта, што ни е дадена, а која е за нашата душа цврст и сигурен ленгер, и кој влегува дури зад завесата, каде што Исус за нас влезе најнапред, откако стана вечен Првосвештеник по чинот Мелхиседеков. Оти тој Мелхиседек беше цар Салимски, свештеник на Севишниот Бог, кој што го пресретна Авраама, кога се враќаше од борбата со царевите, и го благослови, кому и Авраам му даде десеток од сѐ, и кој по значењето на името негово е прво цар на правдата, а потоа и цар на Салим, односно цар на мирот, без татко, без мајка, без род, немаше ни почеток на дните, ниту крај на животот и, по таков начин, е уподобен на Синот Божји, и останува вечен свештеник. Гледате ли колку е голем оној, кому патријархот Авраам му даде десеток од најдобриот плен! Оние од Левиевите синови, што примаат свештенство, имаат заповед да земаат по Законот десеток од народот, односно од браќата свои, иако и тие произлегле од бедрата Авраамови. Но тој, кој не му припаѓаше на нашиот род, зеде десеток од Авраама и го благослови оној, што имаше ветувања. Не може да има никаков спор дека помалиот се благословува од поголемиот. И така, овде смртни луѓе земаат десетоци, а таму – Оној, за Кого има сведоштво, дека е жив. И, така да речам, Левиј, кој прими десетоци, и сам даде десеток преку Авраама, бидејќи уште беше во бедрата на татка си, кога го сретна Мелхиседек. Па така, ако совршенство можеше да се постигне преку левитското свештенство, бидејќи врз основа на него народот доби Закон, каква потреба има да се воздигне друг свештеник по чинот на Мелхиседека, и да се нарече по чинот на Арона? Оти, кога ќе се промени свештенството, тогаш станува потреба да се измени и законот. А Оној, за Кого се зборува ова, се вбројуваше во друго колено, од кое никој не беше пристапувал до жртвеникот; зашто е познато дека Господ наш произлезе од Јуда, а за свештенството од ова колено Мојсеј ништо не рекол. И уште појасно станува тоа, кога се воздига слично на Мелхиседека друг свештеник, кој станал таков не по силата на телесна заповед, туку по силата на вечниот живот. Оти се посведочи: »Ти си вечен свештеник по чинот на Мелхиседека.« А, пак, одменувањето на поранешната заповед се изврши поради тоа, што таа беше слаба и бесполезна, оти Законот ништо не доведува до совршенство; а се воведе подобра надеж, преку која се приближуваме до Бога. И тоа не без клетва. Оти оние беа станале свештеници без клетва, а Он – со клетва, преку Оној, Кој Му рече: »Се заколна Господ и нема да се раскае: Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков«. Затоа на толку подобар Завет стана залог Исус. А тие беа многу свештеници, зашто смртта не им даваше да остане само еден; а Он, бидејќи Сам, пребива вечно, има свештенство што нема да мине на друг. Затоа Он и може и за вечно да ги спаси оние, што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив. Таков Првосвештеник и ни требаше: свет, незлобив, непорочен, одвоен од грешниците и повисок од небесата, Кој нема потреба, како и другите првосвештеници, секојдневно да принесува жртва прво за гревовите свои, а потоа и за оние на народот, бидејќи Он го изврши тоа еднаш за секогаш, откако Сам Себе се принесе како жртва. Зашто Законот за првосвештеници поставува луѓе, што се немоќни; а словото на клетвата што е по Законот – Синот, Кој е вечно совршен. А ова што го зборуваме, го зборуваме, главно, дека имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата, и е служител на Светилиштето и на вистинската Скинија, која што ја воздигна Господ, а не човек. Секој првосвештеник се поставува за да принесува дарови и жртви; затоа беше потребно и Он да има што да принесе. Оти, ако Он беше на земјата, не би бил ни свештеник, зашто има свештеници што принесуваат дарови по Законот и им служат на образот и на сенката на небесните работи како што му беше речено на Мојсеја, кога сакаше да ја доврши Скинијата: »Гледај, рече, да направиш сѐ според образецот, што ти беше даден на планината«. А сега Он доби во толку подобра служба, во колку е и посредник на подобар завет, кој е утврден врз подобри ветувања. Оти, ако првиот завет беше без недостаток, тогаш немаше да се бара место за втор. Но укорувајќи ги, вели: »Ете настапуваат деновите, вели Господ, и со домот Израилев и со домот Јудин ќе заклучам нов завет, но завет не таков, каков што заклучив со татковците нивни во денот, кога ги фатив за рака за да ги изведам од земјата Египетска – зашто тие не останаа во Мојот завет и Јас ги изоставив, вели Господ. Но овој е заветот, што ќе му го дадам на домот Израилев по оние дни, вели Господ: ќе ги вложам законите Свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ. И ниеден нема да го учи својот ближен, и ниеден братот свој: познај Го Господа, зашто сите, од мал до голем меѓу нив, ќе Ме знаат, бидејќи ќе бидам милостив кон нивните неправди, а за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да се сеќавам.« А кога вели »нов«, првиот го направи ветов; а она, што е ветво и остарено, близу е до својот крај. Така и во првиот Завет имаше наредби за богослужение и земно светилиште; оти скинијата беше направена вака: во првиот дел светилникот, трпезата и лебовото предложение; тој дел наречен »Свјатаја«. А зад втората завеса од скинијата беше делот, наречен »Свјатаја Свјатих«; во неа се наоѓаше златната кадилница и од сите страни опкован со злато Ковчегот на заветот, во кој стоеја златниот сад со мана и расцутениот жезал на Арона, како и плочите на заветот, а над него – херувими на славата што го осенуваа чистилиштето; за ова сега нема потреба да се зборува поопширно. При ваков распоред, во првиот дел од скинијата секогаш влегуваа свештениците и извршуваа служба Божја; а во вториот дел влегуваше по еднаш во годината првосвештеникот и тоа не без крв, што ја принесуваше како жртва за себеси за гревовите на народот, направени поради незнаење. Преку ова Светиот Дух покажуваше дека уште не е отворен патот за Светилиштето, сѐ додека стои првата Скинија, која е образ на сегашното време, во кое се принесуваат дарови и жртви, кои не можат да го направат совршен по совеста оној што служи, освен во јадењата и пиењата, и во разни миења и телесни обреди, установени до времето на поправањето. Но Христос, кога стана Првосвештеник на идните блага, со поголема и со посовршена скинија, неракотворна, односно не онаква, каква што се прави на земјата, ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето еднаш засекогаш и изврши вечен откуп. Зашто, ако крвта на јунче и јарец, и пепелта од јуница преку попрскување ги осветуваат осквернетите, за очистување на телото, тогаш, колку ли повеќе крвта на Христа, Кој преку Светиот Дух се принесе Себе на Бога непорочен, ќе ја очисти совеста наша од мртви дела, за да Му служиме на живиот и вистински Бог. Затоа е Он посредник на Новиот завет, та по Неговата смрт, што стана за откуп на престапите од времето на првиот завет, призваните да го добијат ветеното вечно наследство. Оти, каде што има завет, таму е неопходно да следува смртта на заветувачот, бидејќи заветот добива сила само по смртта; тој нема никаква сила додека е заветувачот жив. Поради тоа ни првиот завет не беше утврден без крв. Зашто Мојсеј, откако ги прочита сите заповеди од Законот поред сиот народ, зеде крв телешка и јарешка со вода, и со црвена волна и со исоп ја пороси како самата книга, така и сиот народ, велејќи: »Ова е крвта на заветот, што ви го вети Бог«. Исто така со крв ги попрска и скинијата и сите садови за служење на Бога. И скоро сѐ според Законот со крв се очисти, и без проливање крв проштевање не станува. И така, образите небесни требаше да се очистат на таков начин, а самото небесно со подобри жртви од овие. Зашто Христос влезе не во ракотворно светилиште, кое е само образ на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас; и не да се принесува Себе како жртва повеќепати, како што првосвештеникот влегува во Светилиштето секоја година со туѓа крв. Инаку, Он би требало многупати да страда од созданието на светот. А сега еднаш за секогаш, до крајот на вековите, се јави за да го премавне гревот, откако се принесе Сам Себе како жртва. И како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа – суд, така и Христос, откако еднаш се принесе Самиот Себе како жртва, за да ги премавне гревовите на мнозина, вторпат ќе им се јави, не станувајќи веќе жртва за грев на оние што Го очекуваат за спасение. Законот, имајќи ја сенката на идните добра, а не самиот образ на работите, никогаш не може со оние исти жртви, што се принесуваат секоја година, да ги усоврши оние, кои пристапуваат. Инаку, би престанале да се принесуваат, бидејќи оние, што служат, веднаш очистени, не ќе имаат веќе никакво сознавање за гревови. Но со жртвите секоја година се напомнува за гревовите, бидејќи не е можно телешката и јарешката крв да ги премавне гревовите. Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: »Жртви и дарови Ти не посака, а телото Ми го приготви. Сепаленици за гревот не Ти се угодни.« Тогаш реков: »Ете, идам, напишано е за Мене во почетокот на книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.« Кога погоре рече: »Жртви и дарови и сепаленици за гревот – што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни«, а потоа рече: »Ете, идам, Боже, да ја извршам волјата Твоја«, со тоа Он го премавнува првото, за да го постави второто. Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш. И секој свештеник стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати едни и исти жртви, кои што никогаш не можат да ги премавнат гревовите; а Он, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога, очекувајќи понатаму додека непријателите Негови не бидат ставени во подножјето на нозете Негови. Зашто преку едно принесување осветуваните Он ги направи засекогаш совршени. А ни посведочи и Светиот Дух. Оти, откако порано рече: Тоа е заветот, што ќе им го дадам по оние дни, вели Господ: ќе ги вложам законите Свои во срцата нивни, и во мислите нивни ќе ги напишам, Он додава: и за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да се сетам. А каде што има проштавање за нив, таму веќе нема приноси за грев. И така, браќа, кога имаме слобода да влегуваме во Светилиштето преку крвта на Исуса Христа, по нов и жив пат, што одново ни го отвори Он низ завесата, односно преку Своето тело, и кога Го имаме Големиот свештеник над домот Божји, тогаш да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ги очистиме срцата од лукава совест со попрскување и откако го измиеме телото со чиста вода; та да го држиме исповеданието на надежта цврсто, оти верен е Оној, Кој се заветувал. И да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не напуштајќи го своето собрание, како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден. Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови, туку некакво страшно очекување на суд и јаростен оган, што ќе ги проголта противниците. Ако оној, што се одрекол од Мојсеевиот закон, пред двајца или тројца сведоци, безмилосно се накажува со смрт, тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној, што го подгазил Синот Божји и ја сметал за нечиста крвта на заветот, преку која е осветен, и Го похулил Духот на благодатта? Оти ние Го знаеме Оној што рекол: »Одмаздата е Моја, Јас ќе отплатам«, вели Господ. И пак: »Господ ќе му суди на Својот народ«. Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог! Потсетувајте се на вашите поранешни денови, кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во страдањата, било што бевте изложувани на срам и маки, било што станавте соучесници на оние, кои исто така страдаа, зашто и на оковите мои се сожаливте и со радост позволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот. И така, не напуштајте ја вашата слобода, за која имате голема награда. Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Божја, да го добиете ветеното; зашто уште малку, сосема малку и »Оној што иде, ќе дојде и нема да се забави. А праведниот преку верата ќе биде жив; а ако отстапи, нема да Ми биде по волјата Моја«. Ние, пак, не сме од оние, што се отстрануваат за погибел, туку од оние, кои веруваат за спасение на душата. А верата е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа. Преку неа сведоштво добија старите. Преку верата разбираме дека вековите се установени со збор Божји и дека од невидливото произлегло видливото. Со вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва, отколку Каин; преку неа тој доби сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочи за неговите дарови; преку неа, иако умрел, уште зборува. Преку вера Енох беше преселен, за да не види смрт; и не се најде, бидејќи Бог го пресели. Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога. А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат. Преку вера Ное, откако доби откровение за она, што уште не се гледаше, со послушност го направи ковчегот, за да го спаси својот дом; преку неа тој го осуди светот и стана наследник на праведноста по вера. Со вера Авраам, бидејќи повикан, послуша да појде до местото, што сакаше да го добие во наследство, и тргна, не знаејќи, каде оди. Со вера се пресели Авраам во ветената земја, како во туѓа, и се настани под шатори со Исака и Јакова, наследници на истото ветување; оти тој го очекуваше оној град, што има основи и чиј градител и творец е Бог. Преку верата и самата Сара – бидејќи неплодна, доби сила да зачне и, покрај возраста нејзина, роди, оти Го сметаше за верен Оној, Кој беше ветил. И поради тоа од еден, и при тоа застарел, се родија толку многу, колку што се ѕвездите на небото, и колку што е безбројниот песок на морскиот брег. Сите тие умреа со вера, не добивајќи ги ветувањата, а само оддалеку ги видоа и се уверија, и ги поздравија признавајќи дека се гости и придојдени. Бидејќи оние, што така зборуваат, покажуваат дека бараат татковина. И ако ја беа имале на ум онаа татковина, од која беа излегле, ќе имаа време да се вратат. Но сега сакаат подобра, односно небесна; затоа и Бог не се срами за нив да се наречува нивен Бог; бидејќи им приготвил град. Авраам со вера го принесе како жртва Исака, зашто беше искушуван; и тој, што го доби ветувањето, го принесе својот единороден син, за кого му беше речено: »Потомството од Исака ќе се нарече со твое име«; оти тој мислеше дека е Бог силен и дека мртви може да воскреснува, поради кое го прими како праобраз на воскресението. Со вера Исак го благослови Јакова и Исава за она, што требаше да стане. Со вера Јаков на умирање го благослови секого од синовите на Јосифа и »им се поклони, потпирајќи се на врвот од жезалот свој«. Со вера Јосиф на умирање спомна за излегувањето на синовите Израилеви од Египет и порача за коските свои. Со вера Мојсеј, откако се роди, три месеци беше криен од родителите свои, оти видоа дека детето е убаво, и не се уплашија од царската заповед. Со вера Мојсеј, кога порасна, се откажа да се нарече син на фараоновата ќерка и повеќе сакаше да страда заедно со народот Божји, отколку да има преодна гревовна наслада; хулењето на Христа го сметаше за поголемо богатство, отколку сокровиштата на Египет; оти предвид ја имаше наградата. Со вера тој го напушти Египет, не плашејќи се од царскиот гнев, зашто веруваше во Оној, Кој не се гледаше, како да Го гледа. Со вера тој направи Пасха и попрскување со крв, та истребувачот на првородените да не се допре до нив. Со вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, кое што се обидоа и Египтјаните да го преминат, но се издавија. Преку вера паднаа ѕидовите ерихонски, откако беа опколени цели седум дена. Со вера блудницата Раав не загина заедно со неверниците, откако благонаклоно ги прими извидувачите и ги изведе на друг пат. И што уште да кажам? Оти не ќе имам доволно време, да прикажувам за Гедеона, Варака, Самсона и Јефтаја, за Давида и Самуила и другите пророци, кои преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија уста на лавови; угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки, станаа силни во војна, прогонија туѓи војски; жени примија свои умрени воскреснати; други пак, беа мачени и не примија ослободување, за да добијат подобро воскресение; а други поднесоа подигрување и бичување, па дури и окови и затвор; со камења беа отепувани, со пила резани, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам – оние, за кои свето беше недостоен – скитаа по пустини, по ридови, по пештери и земни бездни. И сите тие, иако примија сведоштво преку верата, сепак не го добија ветеното, оти Бог за нас предвиде нешто подобро, та тие без нас да не постигнат совршенство. Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себеси секакво бреме и грев, што лесно нѐ окружува, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата – Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји. Помислете, пак, на Оној, Којод грешниците претрпе над Себеси таква поруга, та да не ви дотегне, и да не опаднете духом! Во борбата против гревот уште не сте се противеле до крв, и сте ја заборавиле утехата, која вам, како на синови, ви зборува: »Сине мој, не презирај ја казната од Господа и не опаѓај со духот, кога те изобличува, зашто Господ го казнува оној, кого што го сака; го бичува секој син, кого што го прима«. Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син, кого што таткото не го казнува? Ако, пак останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови. Ако се плашиме од нашите татковци, кога нѐ казнуваат, тогаш колку повеќе треба да Му се покориме на Отецот на духовите, па да бидеме живи? Зашто тие нѐ казнуваа за малку денови, според тоа како им беше угодно; а Он – за полза, та да учествуваме во Неговата светост. Секоја казна однапред не се покажува дека е за радост, туку за жалост; но потоа на свикнатите на неа таа ќе им принесе мирен род на праведност. Затоа »исправете ги премалените раце и ослабените колена«, и со нозете свои »направете си прави патеки« та, она што е хромо, да не се отклони, туку поскоро да се исцели. Грижете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа: гледајќи, да не би некој да се лиши од Божјата благодат; да не би некој горчлив корен, штом изникне, да направи штета, и преку него да се осквернат мнозина; да не би меѓу вас да има некој блудник, или нечестивец како Исав, кој за една гозба се откажа од своето првородство. Зашто знаете дека тој и отпосле, сакајќи да го наследи благословот, беше отфрлен; бидејќи не најде место за покајание, иако го беше молел дури со солзи. Вие не пристапивте кон планината што може да се опипа и кон разгорениот оган, кон облакот, и темнината, и луњата, и кон трубниот звук, и кон гласот што зборуваше, чии слушачи молеа да не им се зборува веќе, зашто не можеа да го истрпат она, што им се заповедаше: »И ѕвер ако се допре до гората, со камења нека биде убиен.« И толку страшно беше она, што се гледаше, така што и Мојсеј рече: »Преплашен сум и треперам«. Вие, пак, пристапивте кон планината Сион и кон градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон десетина илјади ангели, кон соборот и Црквата на првородените, кои се напишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совршенство, и кон Исуса, Посредникот на Новиот завет, и кон крвта за попрскување, која подобро зборува од Авеловата. Гледајте да не Го избегавате Оној, Кој зборува. Оти, ако не останаа неказнети оние, што му откажаа да му служат на оној, што зборуваше на земјата, а колку повеќе ние, кои се одвраќаме од Оној, Кој зборува од небесата, Чиј глас тогаш ја потресе земјата, и Кој сега ветува, зборувајќи: »Уште еднаш Јас ќе ја потресам не само земјата, туку и небото«. Зборовите »уште еднаш« означуваат дека колебливото, како затворено, ќе се измени, та да остане само неколебливото. И така, примајќи го царството непоколебливо, да ја пазиме благодатта, со која ќе Му служиме на Бога благоугодно со почит и во страв, бидејќи нашиот Бог е оган, што изгорува. Братољубие нека пребива меѓу вас! Гостољубивоста не заборавајте ја, бидејќи преку неа некои, и не знаејќи, им укажаа гостопримство на ангели. Помнете ги затворениците, како да сте со нив затворени, и оние што страдаат, оти и сами сте во тело. Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло – чисто; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог. Немојте да бидете среброљупци и задоволувајте се со она, што го имате. Зашто Сам Он рекол: »Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам«; така што слободно да велиме: »Господ ми е помошник, и нема да се уплашам: што може да ми направи човек?« Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна. Исус Христос е ист вчера, и денес, и во веки. Не впуштајте се во разни туѓи учења; оти е добро со благодат да се поткрепува срцето, а не со јадења, од кои немаа никаква полза оние, што ги употребуваа. Имаме жртвеник, од кого немаат право да јадат оние, што ѝ служат на скинијата, бидејќи телата на животните, чија крв првосвештеникот ја внесува во Светилиштето за очистување на гревовите, се изгоруваат надвор од живеалиштето. Па затоа и Христос, за да ги освети луѓето со крвта Своја, пострада надвор од градските порти. И така, пред Него да излегуваме надвор од живеалиштето, носејќи ја Неговата поруга, бидејќи овде немаме постојанен град, туку го бараме оној, што ќе дојде. Преку Него, пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово. А доброчинството и милосрдноста не ги заборавајте, зашто такви жртви Му се благоугодни на Бога. Покорувајте им се на наставниците ваши и бидете послушни, оти тие, бидејќи се задолжени да одговараат, бдеат за вашите души – та со радост тоа да го вршат, а не со воздишки, зашто тоа не е полезно за вас. Молете се за нас, оти сме уверени дека имаме добра совест, грижејќи се во сѐ добро да постапуваме. Уште повеќе ве молам да го вршите ова, та поскоро да ви бидам вратен. А Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот завет Го воздигна од мртвите големиот Пастир на овците – нашиот Господ Исус Христос, нека ве усоврши во секое добро дело, за да ја исполните Неговата волја, вршејќи го во вас она, што Му е Нему благоугодно, преку Исуса Христа, Нему слава во веки веков. Амин! Ве молам, браќа, трпеливо примете го ова поучно слово: оти накратко и ви напишав и испратив. Знајте дека братот Тимотеј е пуштен, со кого, ако скоро дојде, ќе ве видам. Поздравете ги сите ваши наставници и сите светии! Ве поздравуваат браќата што се од Италија. Благодат со сите вас. Амин! Јаков, слугата на Бога и на Господа Исуса Христа, испраќа поздрав до дванаесетте колена, кои живеат растурено. Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпеливост: трпеливоста, пак, нека ви биде совршена работа, за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток. Ако некому од вас не му достига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор – и ќе му се даде. Но да се моли со вера и никако да не се сомнева; оти оној, кој се сомнева, прилега на морски талас, кого ветрот го издига и растура; таков човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Господа. Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан. Понизениот брат нека се фали со возвишеноста своја, а богатиот – со својата понизност, бидејќи тоа ќе помине како цвет од трева; оти сонцето огрева и со својата горештина ја исушува тревата, и цветот нејзин отпаѓа, и убавината на нејзиниот изглед исчезнува; така ќе овене и богатиот во својот пат. Блажен е оној човек, кој поднесува искушение, бидејќи откако ќе биде испитан, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние, кои Го сакаат. Ниеден, кога е во искушение, да не вели: »Бог ме искушува«, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Он никого не искушува, но секого го искушува неговата похот, која го влече и мами. Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт. Не заблудувајте се, браќа мои возљубени. Секој добар дар и секој совршен подарок иде одозгора, доаѓа од Отецот на светлината, во Кого нема промени ни сенка од измена. Оти Он нѐ роди по Своја волја преку словото на вистината, за да бидеме почеток на Неговите созданија. И така, мои возљубени браќа, секој човек нека биде брз во зборувањето, и бавен на гнев, бидејќи човечкиот гнев не ја извршува Божјата правда. Затоа, отфрлувајќи од себеси секаква нечистота и насобрана злоба, со смиреност примете го насаденото слово, кое може да ги спаси душите ваши. Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе. Оти, кој го слуша словото а не го извршува, тој прилега на човек, кој го гледа сопственото си лице во огледало; ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил. Но кој ќе се задлабочи во совршениот Закон на слободата и остане во него, тој, бидејќи е незаборавлив слушател, туку извршител на делото, ќе биде блажен во своето делување. Ако некој од вас мисли дека е благочестив, а не го обуздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата благочестивост е суетна. Чиста и непорочна вера пред Бога и Отецот е оваа: да пригледуваш сираци и вдовици во нивните маки и да се пазиш да останеш неосквернет од светот. Браќа мои, држете ја верата во Исуса Христа, нашиот Господ на славата, и не гледајте кој е што. Ако во собрание ваше влезе човек со златен прстен, во светли алишта, а влезе и сиромав со проста облека, па погледате на облечениот во светли алишта и му речете: »Ти седни овде убаво!«, а на сиромашниот му речете: »Ти стој таму!« или »Седни овде, при подножјето мое!« И не размисливте во себе, туку станавте судии на лоши помисли. Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог сиромасите од овој свет да бидат богати во верата и наследници на царството, ветено од Него на оние, кои Го сакаат? А вие го посрамивте сиромавиот. Не се ли тоа богатите што ве мачат и влечат по судови? Не го хулат ли тие вашето добро име, со кое сте се нарекле? Ако, пак, го извршувате царскиот Закон според Писмото: »Возљуби го ближниот како самиот себе« – добро правите. Но, ако гледате на лице, грев правите; и Законот ве изобличува како престапници. Оти, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сѐ. Зашто Оној, Кој рекол: »Не прави прељуба«, рекол и: »Не убивај!« Па затоа, ако не вршиш прељуба, а убиеш, ти ќе станеш престапник на Законот. Зборувајте и постапувајте како оние, што ќе бидат судени според Законот на слободата. Оти судот ќе биде безмилосен спрема оној, кој не покажал милост; милоста во судот се пофалува. Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси? Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат, па некој од вас им рече: »Одете си со мир, грејте се и наситете се!«, а не им даде што им е потребно за телото – каква полза? И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва. Но може некој да рече: »ти имаш вера, а јас имам дела.« Покажи ми ја верата своја без дела, а јас ќе ти ја покажам верата своја од моите дела. Ти веруваш дека Бог е еден; добро правиш; но и бесовите веруваат, а треперат. Не сакаш ли да разбереш, о суетни човеку, дека верата без дела е мртва? Нели со дела се оправда Авраам, нашиот татко, откако врз жртвеникот го положи синот свој Исака? Гледаш ли дека верата им помогна на делата негови, и дека преку делата верата стана совршена? И се изврши Писмото, кое вели: »Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се прими како оправдание«, и тој се нарече – пријател Божји. Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера? А така не се оправда ли со дела и блудницата Раав, откако ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат. Оти, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва. Не барајте, браќа мои, мнозина да станувате учители, знаејќи дека поголемо осудување ќе добиеме, оти сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузда и целото тело. Ете, и на коњите им клаваме узда, за да ни се покоруваат, и да управуваме со целото нивно тело. Па, ете, и лаѓите, иако се толку големи и силно гонети од бурни ветрови, со мала крмичка се управуваат онаму каде што кормиларот сака; а така и јазикот е мал орган, но големи работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува; и јазикот е оган, свет полн со неправда; јазикот се наоѓа во таква положба меѓу нашите органи, што го осквернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот. Зашто секаков вид ѕверови и птици, лазачи и риби, се скротува и се припитомува од човечкиот род, а јазикот никој не може да го скроти: тој е немирно зло и полн со смртоносен отров. Со него Го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето, создадени според подобието Божјо. Од истата уста излегува и благословот и клетвата. Не треба, браќа мои, тоа така да биде. А тече ли од еден ист извор слатка и горчлива вода? Може ли, браќа мои, смоквата да раѓа маслинки, или лозата смокви? Така, од еден ист извор не може да тече солена и слатка вода. Кој е меѓу вас мудар и умен, нека ги покаже преку своето добро однесување делата свои во кротост и мудрост. Но, ако во срцата свои имате горчлива завист и карање, не фалете се и не лажете против вистината: тоа не е мудрост, која доаѓа одозгора, туку земна, душевна, бесовска; оти, каде што има завист и карање, таму има неслога и сѐ е лошо. А мудроста, што иде одозгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и нелицемерна. Плодот, пак, на правдата во мир се сее од миротворците. Од каде се војните и расправиите меѓу вас? Не оттаму ли – од вашите похоти, кои се борат во органите ваши? Пожелувате и немате; убивате и завидувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате, а немате, бидејќи не молите. Просите, а не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите похоти. Прељубодејци и прељубодејки, не знаете ли, дека пријателството од овој свет е непријателство на Бога? Оти, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога. Или, пак, мислите дека Писмото напразно зборува: »Со ревност го љуби духот, што го вселил во нас.« А дава поголема благодат; затоа е речено: »Бог се противи на горделивете, а на смирените им дава благодат«. Па затоа, покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас! Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас; исчистете ги рацете, грешници, поправете ги срцата свои, непостојани! Бидете нажалени и плачете и ридајте: смевот ваш нека се претвори во плач, а радоста во тага! Понизете се пред Господа, и ќе ве подигне! Не напаѓајте се еден со друг, браќа: оти, кој го напаѓа братот свој или го суди, тој го напаѓа Законот и го суди Законот. А ако, пак, го судиш Законот, тогаш ти не си извршител на Законот, туку судија. Еден е Законодавецот и Судијата, Кој може да спаси и погуби: а ти, кој си, што осудуваш друг? Слушајте сега вие, кои велите: »Денес или утре ќе тргнеме во оној град и таму ќе останеме една година, ќе тргуваме и ќе спечалиме«, вие, кои не знаете што ќе стане утре: оти, што е вашиот живот? Тој е пара, која се појавува за кратко време, па исчезнува. Место да велите: »Ако сака Господ да бидеме живи, ќе направиме тоа и тоа«. А сега се фалите со својата гордост. Секоја таква фалба е лукава. И така, грев е за оној, кој знае да прави добро, а не го прави. Елате сега вие, богатите: плачете и ридајте за страшните маки, што идат на вас. Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа. Златото ваше и среброто ви за'рѓа и 'рѓата нивна ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде телото ваше како оган: сте собрале богатство за последните дни. Ете, платата, што сте ја задржале од работниците, кои работеа на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господа Саваот. Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги потхранивте срцата ваши како за ден на клање. Осудивте, убивте праведник; и тој не се бранеше. Бидете трпеливи, браќа мои, до доаѓањето на Господа! Ете, земјоделецот чека драгоцен плод од земјата и долго трпи за него, додека не добие дожд, ран или доцен. Па трпете и вие, укрепете ги срцата свои, оти доаѓањето на Господа се приближи. Не оплакувајте се, браќа, еден на друг, та да не бидете осудени: ете, Судијата стои пред вратата. Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците, што зборуваа во името Господово. Ете, блажени се оние што претрпеа. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него. А пред сѐ, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту пак со некоја друга клетва, и зборот нека ви биде да – да и не – не, за да не паднете на суд! А ако некој од вас страда, нека Му се моли на Бога; весел ли е, нека го фали Господа! Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат над него, и нека го помажат со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат. Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да се исцелите: голема сила има усрдната молитва на праведникот. Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитва Му се помоли на Бога да нема дожд: и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. И пак се помоли: и небото даде дожд, и земјата го даде својот плод. Ако, браќа, некој од вас се отклони од вистината, и друг го поврати, тој, нека знае, дека оној што обрати грешник од лажливиот пат, спасува една душа од смрт и ќе покрие многу гревови. Од Петра, апостолот на Исуса Христа, до избраните придојдени, растурени по Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија, по провидението на Бога Отецот, преку осветувањето од Духот за послушност и попрскување со крвта на Исуса Христа: да ви се умножи благодатта и мирот! Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по својата голема милост нѐ прероди преку воскресението на Исуса Христа од мртвите за жива надеж, за наследство што не пропаѓа, чисто, кое не свенува, запазено на небесата за вас, кои Божјата сила преку верата ве запазила за спасение, приготвено да се открие во последно време. Затоа радувајте се, макар сега да сте малку во скрб – ако е потребно, – во разни искушенија, та вашата вера испитана, да излезе подрагоцена од нетрајното злато, па било тоа да е испитано и преку оган, за пофалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос, Кого Го сакате, иако не сте Го виделе, и во Кого верувајќи сега, а не гледајќи Го, се радувате со неискажана и прославена радост, примајќи го крајот на вашата вера – спасението на душите; кое го бараа и испитуваа пророците, што прорекоа за вашата благодат. Откако испитаа, во кое или какво време им јавуваше Духот Христов однапред, Кој беше во нив, сведочејќи за Христовите страдања и славата која иде по нив; ним им беше откриено дека тие не за самите себе служат, а за нас со она што ви се јави сега вам преку оние, кои го проповедаа Евангелието од небото преку Светиот Дух, и во кое сакаат да вникнат ангелите. Поради тоа, возљубени, притегнувајќи ги бедрата на умот свој, бидејќи бодри, наполно надевајте се дека ќе ви се принесе благодатта при јавувањето на Исуса Христа. Како послушни чеда, не постапувајте според поранешните наши похоти, кога бевте во незнаење. Но, по примерот на Светецот, Кој ве повика, и вие самите бидете светци во сите ваши постапки. Оти е напишано: »Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.« Иако Го наречувате Отец Оној, Кој не гледајќи кој е кој, секому му суди според делата, затоа поминувајте го времето на својот живот во страв, знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши, туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос, Кој е предназначен уште пред создавањето на светот, а се јави во последно време заради вас, кои преку Него поверувавте во Бога, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, та верата ваша и надежта да ви бидат во Бога. Откако ги очистивте душите ваши со послушност на вистината преку Духот, за нелицемерно братољубие, сакајте се еден со друг постојано со чисто срце, како преродени не од распадливо семе, туку од вечно преку словото на живиот Бог, Кој пребива во сите векови. Зашто телото е како трева, и секоја човечка слава – како цвет од трева: се исушува тревата, и цветот нејзин паѓа; но словото Господово останува засекогаш. А тоа е словото, кое ви е благовестено. Отфрлете, пак, од себеси секаква пакост и секаква измама и лицемерство и завист и секакво напаѓање, и како новородените деца, бидете желни за вистинско и разумно млеко, та во него да пораснете за спасение, бидејќи вкусивте дека е Господ благ. Кога пристапувате кон Него, живиот камен, од луѓето отфрлен, но од Бога избран, драгоцен, и вие сами, како живи камења, изградувајте од себе духовен дом, свештенство свето, за да принесете духовни жртви, кои Му се на Бога пријатни преку Исуса Христа. Зашто во Писмото стои напишано: »Еве, на Сион клавам аголен Камен, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами!« Вам, пак, кои верувате, Он ви е чест, а за неверниците – »камен, кого го отфрлија ѕидарите, но кој стана глава на аголот« и »камен за сопнување и камен за соблазнување«, на кој тие се сопнуваат, не покорувајќи му се на словото; за тоа се тие и одредени. Но вие сте род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени, за да ги возвестите совршенствата на Оној, Кој ве повикал од темнина во Својата чудна светлина; вие, кои некогаш не бевте народ, а сега сте народ Божји; кои не бевте помилувани, а сега сте помилувани. Возљубени, ве молам, како придојдени и гости, да се пазите од телесните желби, што војуваат против душата, имајќи помеѓу себе добри односи среде незнабошците, па тие, кога ве напаѓаат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на посетата. И така, покорувајте се на секое човечко началство, поради Господа: било на цар, како на врховна власт, било на намесници, како негови пратеници за казнување на злочинците, а за пофалба на добротворците! Оти, таква е волјата Божја, – со добротворство да го задржуваме незнаењето на безумните луѓе, како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покрив за злобата, туку – како слуги Божји. Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, од Бога бојте се, царот почитувајте го! Слуги, покорувајте се на господарите свои, не само на добрите и кротките, туку и на лошите! Оти тоа Му е угодно на Бога, ако некој, од сознание за Бога, поднесува скрб, страдајќи несправедливо. Зашто, каква е пофалбата, ако трпите, кога ве бијат поради престапи? Но, ако трпите, кога правите добро и страдате, тоа Му е угодно на Бога. Бидејќи вие сте за тоа повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи на пример, за да врвиме по Неговите стапки: Он не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама; кога на Него хулеа, Он не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не заплашуваше, туку се потпираше на Оној, Кој праведно суди. Он сам ги изнесе нашите гревови на дрвото со телото Свое, та за гревовите да умреме, а да живееме за правдата: »преку Неговата рана се исцеливте«. Зашто бевте како овци изгубени, кои немаат пастир, но сега се обрнавте кон Пастирот и Владиката на вашите души. А така и вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та, ако некои од нив не му се покоруваат на словото, преку поведението на своите жени да се придобијат без услови, кога ќе го видат вашиот чист и богобојазлив живот. Вашата убавина да биде не надворешна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки, туку – внатрешна, во срцето на сокриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога. Оти така некогаш се украсуваа и светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на мажите свои, како што Сара го слушаше Авраама, наречувајќи го господар, Вие сте нејзини чеда; ако правите добро, не плашете се од ништо. Така и вие, мажите, живејте со своите жени разумно, и почитувајте ги како послабо суштество, и како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши. А најпосле, бидете сите еднодушни, жалостиви, братољубиви, милосрдни, дружељубиви, понизни; не враќајте зло за зло или хула за хула, туку, напротив: благословувајте, знаејќи дека за тоа сте повикани за да наследите благословение. Оти, кој го сака животот и сака да види добри денови, нека го пази јазикот свој од зло, и усните негови да не зборуваат лаги. Нека се клони од зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него – бидејќи очите на Господа се обрнати кон праведните, и ушите Негови – кон нивните молитви, а лицето Господово е против оние, кои прават зло, за да ги истреби од земјата. И кој може да ви направи зло, ако правите добро? Но, ако и страдате за правда, блажени сте; а од страв пред нив не плашете се, ниту, пак да се боите; туку Господа Бога почитувајте го во срцата свои; а бидете секогаш подготвени со кротост и страв за одговор на секого, кој од вас побара сметка за вашата надеж. Имајте добра совест, та со тоа, што ве напаѓаат како злочинци, да се посрамат тие што ве кудат поради добриот ви живот во Христа. Оти, ако ѝ е угодно на Божјата волја, подобро е да страдате, кога вршите добро, отколку – кога вршите лошо, бидејќи и Христос, за да нѐ приведе кон Бога, еднаш пострада за гревовите наши, праведник за неправедните; вистина, мртов по тело, но оживе духом, со кого, откако слезе, им проповеда и на духовите, кои беа во темнина, и кои некогаш не се покорија, кога Божјата долготрпеливост ги очекуваше, во деновите на Ноја, при правењето на ковчегот, во кој малкумина, односно осум души се избавија од водата. Образот на таа вода – крштавањето, но не отстранувањето на телесната нечистотија, туку ветувањето на Бога – добра совест – нѐ спасува сега и нас преку воскресението на Исуса Христа, Кој, откако се вознесе на небото, е оддесно на Бога, а Кому Му се покоруваат ангелите, властите и силите. Бидејќи, пак, Христос пострада со телото за нас, тогаш вооружете се вие со таа мисла; оти, кој ќе пострада со телото, престанува да греши, та преостанатото време на животот во телото да не го проживее веќе со човечки похоти, туку според волјата Божја. Зашто доволно е што минатото време на животот го поминавте во вршење волја на незнабошците, живеејќи во нечистотија, во похоти, во пијанство, во прејадување, во препирање и во нечестиво идолопоклонство. Затоа тие и се чудат што не се дружите со нив во тој ист неуреден живот, и хулат на вас. Но тие ќе одговараат пред Оној, Кој е готов да им суди на живите и мртвите. Оти и на мртвите им беше проповедано Евангелието да примат суд како луѓето по телото, а да живеат со духот по Бога. Но близу е крајот на сѐ. Па бидете мудри и бодри во молитвите. А пред сѐ, имајте постојана љубов меѓу себе; оти »љубовта покрива многу гревови«. Бидете гостољубиви еден спрема друг без негодување. Служете си еден на друг, секој со дарот што го примил, како добри распоредници на разнообразната Божја благодат. Ако некој говори, нека знае дека зборува Божји зборови; ако некој служи, нека служи според силата, која Бог ја дава, та во сѐ да се прослави Бог преку Исуса Христа, Чија слава и владеење се вечни. Возљубени, не чудете се на огненото искушение, што ви се праќа поради испитувањето, како нешто ново да ви станува; но, во колку учествувате во страдањата Христови, радувајте се, та кога ќе се јави Неговата слава да се возрадувате и развеселите. А ако не укоруваат за името Христово, блазе вам, оти Духот на славата, Духот Божји почива на вас: тие, значи, на Него хулат, а вие – Го прославувате. Никој, пак, од вас да не страда како убиец, или крадец, или злочинец, ниту како оној што се меша во туѓи работи; но, ако страда како христијанин, да не се срамува, туку да Го прославува Бога за таквото учество. Оти време е да почне судот од Божјиот дом; а ако почне најнапред од нас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние, кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие? И кога праведникот одвај се спасува, тогаш безбожникот и грешникот каде ќе се јават? И така, оние, што страдаат според волјата на Бога, нека Му ги предадат Нему, како на верен Создател, душите свои, правејќи добро. Оние, кои се меѓу вас свештеници, ги молам јас, кој сум и сам свештеник, и сведок на Христовите страдања и соучесник во славата, што ќе се открие: пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради неправедна корист, туку од добро срце. И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото. А кога ќе се јави Пастироначалникот, ќе добиете венец на слава што нема да свене. Исто така и вие, помладите, покорувајте им се на свештениците; а сите, пак, покорувајте се еден на друг и здобивајте се со понизност, бидејќи »Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат«. Смирете се под крепката рака Божја, за да ве воздигне, кога ќе дојде времето. Сите ваши грижи оставете ги на Него, зашто Он се грижи за вас. Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта; спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот. А Бог на секоја благодат, Кој ве повика за Својата вечна слава во Исуса Христа, Сам, по вашето кратко страдање, да ве усоврши, укрепи и направи непоколебливи. Нему слава и власт во веки веков. Амин! По Силуана, вашиот верен брат, како што мислам, ви го напишав ова кратко послание, за да ве утешам и уверам дека ова е вистинска Божја благодат, во која стоите. Ве поздравува Црквата во Вавилон, избрана заедно со вас, и Марко, синот мој. Поздравете се еден со друг со целив на љубов. Мир на сите вас, што сте во Христа Исуса. Амин! Симон Петар, слуга и апостол на Исуса Христа, до оние, на кои преку правдата на нашиот Бог и Спасител Исус Христос им се падна да добијат заедно со нас еднаква вера: благодатта и мирот со познавањето на Бога и Христа Исуса, нашиот Господ, да ви се умножи. Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сѐ, што е потребно за животот и побожноста, а преку познавањето на Оној, Кој нѐ повика со Својата слава и совршенство, преку кои ни се дарувани многу големи и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа, ако се оддалечите од гнилежните похоти на овој свет; затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта разум, кон разумот воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпеливоста побожност, кон побожноста братољубивост, кон братољубивоста љубов. Оти, ако овие добродетели ги има во вас и се умножуваат, тие нема да ве остават празни, ниту бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос. А при кого ги нема, тој е слеп, кусоглед и заборава дека се очистил од поранешните гревови. Браќа, затоа уште повеќе настојувајте да го зајакнете вашиот позив и избор, оти, ако го вршите тоа, никогаш нема да погрешите, бидејќи по таков начин ќе ви се овозможи слободен влез во вечното царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Поради тоа секогаш ќе се грижам да ви ги напомнувам овие работи, иако ги знаете, и да сте утврдени во сегашната вистина. Па и право е, додека сум во ова тело, да ве подбудувам со напомнување, оти знам дека наскоро ќе го оставам моето тело, како што Господ наш, Исус Христос, ми јави. А ќе се погрижам на ова да се потсетувате секогаш и по мојата смрт. Зашто ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени параболи, туку откако станавме очевидци на Неговото величие. Оти Он прими чест и слава од Бога Отецот, кога од велелепната слава Му дојде ваков глас: »Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Моето благоволение«. И тој глас, што дојде од небото, ние го чувме, кога бевме со Него на Светата гора. А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што на него му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца. Знајте го прво тоа дека ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот. Оти никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух. А во народот имаше и лажни пророци, како што и меѓу вас ќе има лажни учители, кои што ќе внесат погубни ереси и, откако се одречат од Господа, Кој ги откупил, ќе навлечат врз себеси брза погибел. И мнозина ќе појдат по нивните нечистотии, и поради нив патот на вистината ќе биде похулен. И, подбудувајќи ве од користољубивост, ќе ве привлекуваат со ласкави зборови; но нивното осудување е одамна готово, и нивната погибел не дреме. Зашто Бог, кога не ги поштеди ангелите што згрешија, туку ги турна во пеколот со вериги на мракот, ги предаде да бидат пазени за судот; и кога не го поштеди првиот свет, туку, кога нанесе потоп на безбожниот свет, го запази само осмочлениот Ноја, проповедникот на правдата; и градовите Содом и Гомор ги осуди на разурнување и ги претвори во пепел, па ги остави како пример на идните безбожници, а го избави праведниот Лот, кого го осрамотија беззакониците со нечистиот живот. Оти, кога живееше праведникот меѓу нив, гледајќи ги и слушајќи ги беззаконските дела, од ден на ден ја измачуваше својата праведна душа; тоа Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија, а неправедните да ги држи во маки за судниот ден; а најмногу оние, што се управуваат според телото во неговите гнасни похоти, кои што ги презираат началниците, дрски се, горди и не се плашат да хулат на власта, кога и ангелите, кои се поснажни и посилни од нив, не изговараат за нив хула пред Господа. А тие, како неразумни животни, кои се од природата така создадени за да се фаќаат и уништуваат, хулејќи го она, што не го разбираат, во својата погибел ќе загинат, добивајќи награда за неправда. Тие секојдневниот живот во раскош го сметаат како наслада; тие се срам и грев, насладувајќи се со своите измами, јадејќи со вас; имаат очи полни со прељубодејство и постојанен грев, ги мамат неутврдените души; имаат срце привикнато на лакомство: тие се чеда на проклетството. Откако го оставија вистинскиот пат и се заблудија, тргнаа по стапките на Восоровиот син Валаам, кој засака неправедна плата; но беше изобличен за своето беззаконие: неразумното животно проговори со човечки глас и го запре безумството на пророкот. Тие се безводни извори, облаци и магли, од бура разнесувани; за нив е запазен мракот на темнината засекогаш. Зашто, говорејќи празни зборови, ги мамат на телесни похоти нечистотија оние, кои од скоро време се оттргнале од оние што живеат во заблуда. Им ветуваат слобода, кога тие самите се робови на развратот, зашто кога некој некого победува, тој и го поробува. Оти, откако ги избегнале световните скверности преку познавањето на Господа и Спасителот наш Исус Христос, ако пак се заплетат во нив и бидат победени, тогаш за такви последното ќе им биде полошо од првото. За нив би било подобро, да не беа го познале патот на правдата, отколку, откако го познаа, да се вратат назад од светата заповед, која им е предадена. Ним им се случува според вистинската поговорка: »Песот се враќа на својата блувотина«, и »Искапената свиња – во калта«. Еве, возљубени, како веќе ви го пишувам второто послание, во кое со напомнување ви го разбудувам вашиот чист разум, за да се потсетите на зборовите, порано кажани од светите пророци, и на заповедта од Господа и Спасителот, дадена преку вашите апостоли. Најнапред знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби и ќе велат: »Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Оти, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така, како од созданието на светот.« Бидејќи оние, што го бараат тоа, забораваат дека небесата и земјата од порано беа создадени од вода и преку вода со силата на Божјото слово, поради кое, тогашниот свет загина, потопен во вода. А сегашните небеса и земјата, пазени од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе. Но внимавајте, возљубени, да не го изумите само тоа дека за Господа еден ден е како илјада години, а илјада години – како еден ден. Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание. И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори. И така, бидејќи сето тоа ќе се разруши, каков треба да ви биде вашиот свет живот и побожноста ваша, кои што го очекувате и сакате скорото доаѓање на Божјиот ден, поради кого небесата ќе се разрушат и разгорените стихии ќе се стопат? Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда. Затоа, возљубени, очекувајќи го тоа, погрижете се пред Него да излезете во мир, неосквернети и непорочни; и долготрпеливоста на вашиот Господ сметајте ја како спасение, – како што ви напиша и возљубениот наш брат Павле, според дадената му мудрост; како што зборува за тоа и во сите свои посланија, во кои има некои работи тешки за разбирање, што неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел. А вие, возљубени, знаејќи го ова однапред, пазете се од измамата на беззакониците за да не бидете одведени од нив, и да не отпаднете од својата тврдост, туку да напредувате во благодатта и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Нему слава и сега и за вечни времиња. Амин! Она, што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа, за Словото на животот – и животот се јави, и видовме, и сведочиме, и ве известуваме за вечниот живот, кој беше во Отецот и нам ни се јави – она што го видовме и го чувме, за тоа ве известуваме, та и вие да имате општење со нас; а нашето општење е со Отецот и Неговиот Син, Исус Христос. И ова ви го пишувам, за да биде радоста ваша полна. А Евангелието, пак, што го чувме од Него и вам ви го предаваме, е тоа дека Бог е светлина, и во Него нема никаква темнина. А ако речеме дека со Него општиме, а одиме во темнина, тогаш лажеме и не постапуваме според вистината. А ако, пак, во светлина одиме, како што е Он самиот во светлина, тоа значи дека ние еден со друг општиме, и крвта на Исуса Христа, Неговиот Син, нѐ очистува од секаков грев. Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас. Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секаква неправда. Ако, пак, речеме дека не сме згрешиле, Него Го правиме лажец и словото Негово не е во нас. Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, праведникот: а Он е очистување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет. По тоа узнаваме дека сме Го познале, кога ги пазиме Неговите заповеди. Кој вели: »Го познав«, а заповедите Негови не ги пази, лажец е и вистината не е во него; а кој го пази словото Негово, во него е Божјата љубов навистина совршена: по тоа узнавме дека сме во Него. Кој вели дека во Него пребива, должен е да постапува така, како што постапи и Он. Возљубени, не ви пишувам нова заповед, туку старата заповед, што ја имате од почетокот. Старата заповед е словото, што го чувте од почетокот. Но сепак, нова заповед ви пишувам – она што е вистинско и во Него и во вас; оти темнината одминува, а вистинската светлина веќе свети. Кој вели дека е во светлина, а го мрази братот свој, тој е сѐ уште во темнина. Кој го сака брата си, тој е во светлината и во него нема соблазан. А кој го мрази братот свој, тој се наоѓа во темнина, и во темнина оди, а не знае каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите негови. Ви пишувам, чеда, дека заради Неговото име ви се простени гревовите. Ви пишувам вам, татковци, зашто Го познавате Оној, Кој е од почеток; ви пишувам, вам, момчиња, зашто го победивте лукавиот. Ви напишав вам, татковци, бидејќи Го познавате Оној, Кој е од почеток; ви напишав вам, момчиња зашто сте силни, и словото Божјо пребива во вас, па го победивте лукавиот. Не сакајте го светот и сѐ што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, сѐ што е во светот – похотата на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет. А светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека. Чеда, последно време е. И како што сте слушале дека ќе дојде антихрист, и сега веќе се појавија многу антихристи; од тоа разбираме дека е последниот час. Тие излегоа од нас, но не беа наши; бидејќи ако беа наши, ќе останеа со нас; но се јавија, за да се знае дека сите не се наши. А вие имате помазание од Светиот, и знаете сѐ. Не ви пишав дека не ја знаете вистината, туку дека ја знаете како и дека ниедна лага не доаѓа од вистината. Кој е лажец, ако не оној, што одречува дека Исус е Христос? Тој е антихрист, што Го одречува Отецот и Синот. Секој, што Го одречува Синот, нема и Отец; а кој Го исповедува Синот, има и Отец. И така, сѐ што чувте во почетокот, тоа и нека остане при вас; ако она, што го чувте најнапред, остане во вас, и вие ќе пребивате во Синот и во Отецот. И тоа е ветувањето, што ни го вети Он – вечен живот. Тоа ви го пишав поради оние, што ве мамат. И помазанието, што го примивте од Него, пребива во вас, и немате потреба некој да ве учи; но бидејќи самото помазание ве учи на сѐ, и е вистинско, и не е лага, тоа останете во него онака, како што ве научило тоа. И така, чеда, останете во Него, та, кога ќе се јави Он, да имаме смелост и да не се посрамиме од Него, кога ќе дојде. Кога знаете дека е Он праведник, знајте го и тоа дека секој, кој што врши правда, е роден од Него. Гледајте каква љубов ни дал Отецот – да се наречеме чеда Божји и такви да бидеме. Затоа светот не нѐ знае, оти не Го позна Него. Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме каков што е. И секој, што ја има таа надеж во Него, се очистува самиот себе, како што е чист Он. Секој, што прави грев, прави и беззаконие; и гревот е беззаконие. А знаете дека Он се јави, за да ги земе гревовите наши; грев во Него нема. Секој, кој што пребива во Него, не греши; секој, што греши, не Го видел, ниту Го познал. Чеда, никој да не ве измамува! Кој врши правда, праведен е, како што е праведен Он. Кој прави грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. Па затоа и се јави Синот Божји, за да ги урне делата ѓаволски. Секој, што е роден од Бога, грев не прави, зашто семето Негово пребива во него; и не може да греши, бидејќи е роден од Бога. Чедата Божји и чедата ѓаволски по тоа и се познаваат. Секој, што не врши правда, не е од Бога; а и оној кој не го сака братот свој. Оти тоа е заповедта што ја чувте од почетокот – да се сакаме еден со друг. Но не како Каин, кој што беше од лукавиот и го уби брата си. А зошто го уби? Затоа што неговите дела беа лоши, а на неговиот брат – праведни. Не чудете се, браќа мои, ако светот ве мрази. Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги сакаме браќата свои; оној што не го сака братот свој, тој пребива во смртта. Секој, што го мрази братот свој, е човекоубиец; и познато ви е дека ниеден човекоубиец нема живот вечен, што ќе пребива во него. Љубовта ја познаваме по тоа, што Он ја положи за нас душата своја; но и ние сме должни да ги полагаме душите свои за браќата. А кој има световни блага, па кога ќе го види брата си во немаштина, та го затвори срцето свое од него – како тогаш ќе пребива во таков Божјата љубов? Чеда мои, да не се сакаме со зборови или со јазик, туку со дела и вистина! И по тоа познаваме дека сме од вистината, и пред Него ќе ги успокојуваме срцата свои; бидејќи, ако срцето наше нѐ осуди, а колку повеќе Бог, зашто Он е поголем од нашето срце и знае сѐ. Возљубени, кога нашето срце не нѐ осудува, тогаш ние имаме слобода пред Бога, и, што и да запросиме, добиваме од Него, бидејќи ги пазиме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него. А заповедта Негова е таа, да веруваме во името на Неговиот Син Исуса Христа и да се сакаме еден со друг, како што ни заповедал. И оној, што ги пази заповедите Негови, пребива во Него, и Он – во него. А дека Он пребива во нас, узнавме по Духот, што ни Го дал. Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот. По ова познавајте Го Божјиот Дух, и духот на лагата: секој дух, што признава дека Исус Христос дошол во плот, од Бога е. А секој дух, што не признава дека во плот дошол Исус Христос, не е од Бога; тоа е духот на антихристот, за кого сте слушале дека иде, па и сега е веќе во светот. Вие сте, чеда, од Бога и нив сте ги победиле; зашто Оној, Кој е во вас, е поголем од оној што е во светот. Тие се од светот, затоа и по светски зборуваат, а светот ги слуша. Ние сме од Бога. Кој Го познава Бога, нѐ слуша нас; кој не е од Бога, нас не нѐ слуша. По тоа и го познаваме Духот на вистината и духот на заблудата. Возљубени, да се сакаме еден со друг, оти љубовта е од Бога, и секој, кој сака, е роден од Бога и Го познава Бога; кој не сака, тој не Го познал Бога, оти Бог е љубов. Божјата љубов кон нас се покажа во тоа, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син, за да живееме преку Него. Во тоа се состои љубовта, што не ние Го засакавме Бога, туку Бог нас нѐ возљуби и Го прати Синот Свој, за да ги очисти гревовите наши. Возљубени, кога така нѐ засака Бог, тоа и ние сме должни да се сакаме еден со друг. Бога никој никогаш не Го видел. Ако се сакаме еден со друг, Бог пребива во нас и љубовта Негова е совршена во нас. Дека ние пребиваме во Него и Он во нас, узнавме по тоа, што ни дал од Својот Дух. И ние видовме и сведочиме дека Отецот Го испрати Синот како Спасител на светот. Кој исповеда дека Исус е Син Божји, во него пребива Бог, и тој – во Бога. И ние ја познаваме љубовта, која Бог ја има кон нас, и поверувавме во тоа дека е Бог љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него. Љубовта во нас се усовршува затоа, за да бидеме слободни на судниот ден; бидејќи, како што е Он, така сме и ние во овој свет. Во љубовта страв нема, а совршената љубов го пади стравот, бидејќи стравот има мака. Кој се бои, не е совршен во љубовта. Ние Го сакаме, бидејќи Он порано нѐ засака. Ако некој рече: »Го сакам Бога«, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел? И таа заповед ја имаме од Него: кој Го сака Бога, да го сака и братот свој. Секој, кој верува дека Исус е Христос, од Бога е роден, и секој, кој Го сака Оној, Кој родил, Го сака и Оној, Кој е роден од Него. По тоа познаваме дека ги сакаме чедата Божји, кога Го сакаме Бога и ги пазиме Неговите заповеди. Бидејќи љубовта кон Бога се состои во тоа: да ги пазиме заповедите Негови. А Неговите заповеди не се тешки. Оти секој, кој е роден од Бога, го победува светот; и ова е победата што го победи светот – верата наша. Кој го победува светот, ако не оној, кој верува дека Исус е Син Божји? Исус Христос е Оној, Кој дојде преку вода и крв и преку Духот, – не само преку вода, туку преку вода и крв; и Духот е Оној, Кој сведочи, оти Духот е вистина. Зашто Троица се, Кои сведочат на небото: Отецот, Словото и Светиот Дух; и Троица се едно. И Троица се, Кои сведочат на земјата: Духот, водата и крвта; и Троица сведочат заедно. Ако го примаме човечкото сведоштво, Божјото сведоштво е поголемо, бидејќи тоа е сведоштво Божјо, со кое Бог посведочи за Својот Син. Кој верува во Синот Божји, тој има сведоштво во себе; кој не Му верува на Бога, Го прави лажец, оти не поверувал во сведоштвото Негово, со кое посведочил Бог за Својот Син. А сведоштвото е тоа дека Бог ни дарувал живот вечен; и тој живот е во Неговиот Син. Кој Го има Синот Божји, тој го има и тој живот; кој Го нема Синот Божји, го нема тој живот. Ова ви го напишав вам, кои верувате во името на Синот Божји, за да знаете дека имате живот вечен и да верувате во името на Синот Божји. И тоа е слободата, која ја имате пред Него, дека ако просиме нешто по Неговата волја, Он нѐ послушува. А кога знаеме дека нѐ услишува што и да побараме, знаеме дека ќе добиеме, што и да сме побарале од Него. Ако некој го види брата си да греши со грев не за смрт, нека се моли, и Бог ќе му даде живот, – односно на оној што греши не за смрт. Постои грев за смрт: за тој грев не велам да се моли. Секоја неправда е грев, но има грев не за смрт. Знаеме дека секој роден од Бога не греши: но родениот од Бога се пази, и лукавиот не се допира до него. Знаеме дека ние сме од Бога, и дека целиот свет лежи во зло. Знаеме исто така дека Синот Божји дојде и ни даде светлина, и разум, за да Го познаеме вистинскиот Бог; и ние пребиваме во вистинскиот Бог – Неговиот Син Исус Христос. Он е вистински Бог и живот вечен. Чеда, пазете се од идолите. Амин! Од старешината – до избраната госпоѓа и нејзините чеда, кои вистински ги сакам, – и не само јас, туку и сите, што ја познаа вистината; поради вистината, која пребива во нас и ќе биде со нас секогаш. Да биде со вас благодатта, милоста, мирот од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа, Синот на Отецот, во вистина и љубов! Многу се зарадував, оти чедата твои ги најдов како одат во вистина, онака како што добивме заповед од Отецот. И сега те молам, госпоѓо, не како да ти пишувам нова заповед, но онаа, која ја имаме од почетокот, да се сакаме еден со друг. А љубовта се состои во тоа, да постапуваме по Неговите заповеди. Тоа е заповедта, што ја чувте во почетокот, за да постапувате според неа; бидејќи во светот влегоа мнозина измамници, кои не исповедаат дека Исус Христос дошол во плот; таков човек е измамник, антихрист. Пазете се за да не го изгубите она, за кое сте се труделе, туку да добиете полна награда. Секој, кој прави престапи и не пребива во Христовото учење и не е во Него, Го нема Бога; кој пребива во Христовото учење, тој Го има и Отецот и Синот. Кој доаѓа при вас и не го носи тоа учење, него не го примајте во вашиот дом и не поздравувајте го; зашто, кој го поздравува, учествува во неговите лоши дела. Вистина, имав многу да ви пишувам, но не сакав на книга и со мастило, оти се надевам дека ќе дојдам при вас и од устата да ви зборувам, та радоста ваша да ви биде полна. Те поздравуваат чедата на избраната твоја сестра. Амин! Од старешината – до возљубениот Гај, кого вистински го сакам. Возљубени, се молам да бидеш здрав и во сѐ да ти биде добро, како што ѝ е добро на душата твоја. Многу се зарадував, кога дојдоа браќата и се посведочија за твојата верност – оти ти живееш во вистината. За мене нема поголема радост од тоа – да чујам дека моите чеда живеат во вистина. Возљубени, ти постапуваш верно во сѐ, што го правиш за браќата и гостите, кои ја посведочија твојата љубов пред Црквата. Добро ќе направиш, ако ги приготвиш пред Бога како што треба. Бидејќи поради Неговото име тргнаа, не земајќи ништо од незнабошците. Ние сме, пак, должни да примаме такви, за да станеме помошници на вистината. Јас напишав до Црквата. Но Диотреф, кој сака да биде најстар меѓу нив, не нѐ прими нас. Затоа, ако дојдам, ќе му спомнам за делата негови, што ги прави, напаѓајќи нѐ со лоши зборови; и тоа не му е доволно, туку браќата сам не ги прима, а им забранува да ги примаат и оние, кои сакаат да ги примат, и ги гони од Црквата. Возљубени, не угледувајте се на злото, туку на доброто. Кој добро чини, од Бога е; а кој прави зло, не Го видел Бога. За Димитрија посведочија сите, па и самата вистина; а сведочиме, исто така, и ние; а вие знаете дека сведоштвото наше е вистинско. Многу имав да ти пишувам, но не сакав да ти напишам со мастило и перо, туку се надевам наскоро да те видам, и да позборуваме уста со уста. Тебе мир! Те поздравуваат пријателите. Поздрави ги пријателите по име. Амин! Од Јуда, слугата на Исуса Христа, а брат на Јакова – до призваните, осветени во Бога Отецот и запазени од Исуса Христа. Милоста, мирот и љубовта да ви се умножат! Возљубени, грижејќи се постојано, да ви пишувам за вашето општо спасение, најдов за добро да ви напишам и да ве помолам – да се борите за вистинската вера, која им е дадена на светиите еднаш засекогаш, зашто се вовлекоа некои луѓе, чија осуда е одамна определена, безбожници, што ја обрнуваат благодатта Божја во нечистотијата и се одречуваат од Единиот Господар Бог и Господ наш Исус Христос. Сакам да ви напомнам, иако ова веќе го знаете, дека Господ, откако го избави народот од Египетската земја, ги погуби потоа оние, што не веруваа; ангелите, пак, што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија своето живеалиште, ги стави во вечни окови, во мрак за суд на великиот ден. Како што Содом и Гомор и околните градови, што блудствуваа и на ист начин како и тие налетуваа и на друга плот, станаа пример со тоа што беа накажани со вечен оган. Исто така ќе стане и со оние, кои ја осквернуваат плотта, ги презираат началниците и достоинството на власта. А Архангел Михаил, кога се препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: »Господ да ти забрани!« А овие хулат на она, што не го знаат, а во она, што го знаат во природа како неразумно животно, во него се распаѓаат. Тешко ним, оти тргнаа по Каиновиот пат, се фрлија во корисната заблуда на Валаама, и загинаа во буната Кореева. Тоа се оние што ги поганат вашите вечери на љубовта, јадејќи со вас без страв и се гојат. Тие се безводни облаци, што ветровите ги пренесуваат, есенски неродни дрвја, кои двапати умреле, и се искорнати; свирепи морски таласи, што се пенат со своите срамоти; ѕвезди лажни, за кое се чува мракот на темнината засекогаш. А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адама, зборувајќи: »Ете, иде Господ со илјадници Свои свети ангели, за да направи суд над сите и за да ги изобличи сите безбожници за сите нивни нечесни дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него безбожните грешници.« Тие се незадоволни викачи, кои живеат според своите желби, а устата нивна произнесува горди зборови, и за корист стануваат ласкатели. Но вие, возљубени, спомнете си ги зборовите, што ги кажаа апостолите на нашиот Господ Исус Христос; оти тие ви зборуваа дека во последно време ќе се појават подигрувачи, кои ќе постапуваат според своите безбожнички желби. Тоа се луѓето што се одделуваат од единството на верата; тие се телесни – и немаат дух. А вие, возљубени, изградувајќи се во пресветата ваша вера и молејќи се преку Светиот Дух, запазете се во љубовта Божја, очекувајќи милост од нашиот Господ, Исуса Христа, за вечен живот. И така разликувајќи ги, едни милувајте, а други со страв спасувајте, истргнувајќи ги од оган и изобличувајќи ги со страв, и гнасејќи се од облеката, испоганета од телото. А на Оној, Кој може да ве запази да останете безгрешни и без порок, и да ве постави пред славата Своја во радост, – на Единиот премудар Бог, нашиот Спасител преку Исуса Христа, нашиот Господ, слава и величие, држава и власт преку сите векови, сега и во сите времиња. Амин! Откровение на Исуса Христа, кое Му го даде Бог, за да го покаже на слугите Свои она, што треба да стане скоро. И Он го јави тоа на слугата Свој Јована, преку Својот ангел, кој што го посведочи словото Божјо и сведоштвото на Исуса Христа, и сѐ што виде. Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску. Јован – до седумте цркви, што се во Азија: благодат вам и мир од Оној, Кој е, и Кој бил, и Кој иде, и од седумте духови, кои се пред Неговиот престол, и од Исуса Христа, Кој е верен сведок, Првороден од мртвите и Господар на земните цареви. Нему, Кој нѐ возљуби и изми од нашите гревови преку Својата крв и Кој нѐ направи пред Бога и Својот Отец цареви и свештеници, слава и држава во веки веков. Амин! Ете, иде со облаците, и ќе Го види секое око, и оние, што Го прободоа; и ќе се расплачат пред Него сите земни племиња. Да. Амин! Јас сум Алфа и Омега, почеток и крај – вели Господ, Кој е, Кој бил, и Кој иде, Седржителот. Јас, Јован, кој што сум и брат ваш и соучесник во скрбта и во царството и во трпението на Исуса Христа, бев на островот, наречен Патмос, заради словот Божјо и заради сведоштвото за Исуса Христа. Еден неделен ден бев обземен од дух и зад себе чув силен глас како од труба, кој велеше: »Јас сум Алфа и Омега, првиот и последниот; и тоа, што ќе го видиш, напиши го во книга и испрати го до седумте цркви, што се во Азија: во Ефес и во Смирна, во Пергам и во Тиатир, во Сард, во Филаделфија и во Лаодикија!« И се обѕрнав за да го видам гласот, што зборуваше со мене; и, откако се обѕрнав, видов седум златни светилници, а сред седумте светилници еден, сличен на Синот Човечки, облечен во долга облека до нозете и по градите препашан со златен појас; главата и косата Му беа бели како бела волна, како снег, а очите Негови – како огнен пламен; нозете Негови – слични на светол бакар, како во печка вжарени, а гласот Негов – како шум од многу води. Во Својата десна рака Он држеше седум ѕвезди, а од Неговата уста излегуваше меч со две острици; лицето Негово светеше како што сонцето сјае во својата сила. Штом Го видов, паднав пред нозете Негови како мртов. Он ја сложи Својата десна рака врз мене и ми рече: »Не бој се! Јас сум Првиот и Последниот и Живиот. Бев мртов, и ете, жив сум за сите векови. Амин! И ги имам клучевите од адот и смртта. И така напиши, што виде, што е и што има да стане по тоа. Ова е тајната на седумте ѕвезди, што ги виде во Мојата десница, и на седумте златни светилници: седумте ѕвезди се ангелите на седумте цркви – а седумте светилници, што ги виде, се седумте цркви.« На ангелот на Ефеската црква напиши му: ова го вели Оној, Кој ги држи седумте ѕвезди во десницата Своја, Кој оди посреде седумте светилници – ги знам делата твои, трудот твој и трпението твое, и дека не можеш да ги трпиш лошите; знам дека си ги испитал оние што себеси се наречуваат апостоли, а не се, и дека си нашол оти се лажци; дека си претрпел и дека имаш трпение, дека си се трудел за името Мое и дека не си се уморил. Но сум против тебе, зашто ја остави својата прва љубов. Спомни си од каде си паднал, и покај се, и врши ги поранешните дела; ако не, скоро ќе ти дојдам и ќе го преместам светилникот твој од местото негово, ако не се покаеш. А ова го имаш, ги мразиш делата на николаитите, кои што и Јас ги мразам. Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите – на оној, што победува, ќе му дадам да јаде од дрвото на животот, кое што е среде Божјиот рај. И на ангелот на Смирненската црква напиши му: така вели Првиот и Последниот, Кој беше мртов и еве оживе – ги знам твоите дела, скрбта и сиромаштијата – но ти си богат – и хулењата на оние, кои за себеси велат дека се Јудејци, а не се, туку се сатанска збирштина. Не бој се воопшто од она, што ќе има да претргаш. Ете, ѓаволот некои од вас ќе фрли в затвор, за да ве искуша, и ќе бидете нажалени десетина дни. Биди верен до самата смрт и ќе ти го дадам венецот на животот. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: кој победува, втората смрт нема да му нанесе штета. И на ангелот на Пергамската црква напиши му: вака вели Оној, Кој држи меч со две острици – ги знам делата твои, и каде живееш, каде е престолот на сатаната, и дека го држиш името Мое, и дека не се одрече од верата Моја дури и во деновите, кога Мојот верен сведок Антипа беше убиен меѓу вас, во чија што средина живее сатаната. Но малку сум против тебе, зашто имаш таму некои, што го држат учењето на Валаама, кој што го учеше Валака да ги наведе на грев синовите Израилеви, та да јадат жртви идолски и да блудствуваат. А имаш и некои, што го држат учењето на николаитите, кое го мразам. Покај се! Ако, пак, не, скоро ќе ти дојдам и ќе стапам во борба против нив со мечот на устата Своја. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: на оној, што победува, ќе му дадам да јаде од сокриената мана, и ќе му дадам бело камче, и на камчето напишано ново име, што никој не го знае, освен оној, што го добива! И на ангелот на Тиатирската црква напиши му: ова го вели Синот Божји, Чии очи се како пламен огнен, а нозете слични на сјаен бакар – ги знам твоите дела, и љубовта, и службата, и верата, и трпението твое, и дека твоите последни дела се побројни од првите. Но малку сум лут на тебе, зашто позволуваш жената Језавела, која себеси се наречува пророчица, да ги учи и мами слугите Мои да блудствуваат и да јадат идолски жртви. А ѝ дадов време да се покае за блудството свое, но таа не се покаја. Ете, неа ја фрлам на постела, а оние, што блудствуваа со неа, во маки големи – ако не се покајат за делата свои. И чедата нејзини ќе ги поразам со смрт, и сите цркви ќе узнаат дека Јас сум Оној, Кој ги испитува срцата и бубрезите; и секому од вас ќе му дадам според делата негови. А вам и на другите во Тиатир, што не го држат тоа учење и не ги узнаа таканаречените длабини сатански, ви велам: нема да ви наложам друго бреме. Но држете го само она, што го имате, додека не дојдам. И кој победува и ги пази делата Мои до крај, нему ќе му дадам власт над незнабошците, и ќе ги пасе со жезал железен; и тие ќе се строшат како земјани садови; како што и Јас примив власт од Својот Отец. Нему ќе му ја дадам ѕвездата Деница. Па, кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите. И на ангелот на Сардската црква напиши му: еве што вели Оној, Кој ги има седумте ѕвезди – ги знам делата твои; носиш име дека си жив, а си мртов. Биди буден и утврдувај ги оние, што се на умирање; бидејќи делата твои не ги најдов совршени пред Мојот Бог. Помни, пак, како си примил и чул, и пази, и покај се. Ако не бидеш буден, ќе дојдам врз тебе како крадец, и нема да узнаеш, кога ќе дојдам над тебе. Но во Сард имаш малку имиња, што не ги осквернија алиштата свои. Тие ќе одат со Мене во бела облека, бидејќи се достојни. Кој победува, ќе се облече во бела облека, и нема да му го избришам името негово од книгата на животот, туку ќе го признаам името негово пред Мојот Отец и пред Неговите ангели. Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите. И на ангелот на Филаделфиската црква напиши му: вака вели Светиот, Вистинскиот, Оној, Кој го има клучот Давидов, Кој отвора, и никој нема да затвори – и Кој затвори, никој не ќе отвори – ги знам делата твои. Ете, ти дадов врата отворена, и никој не може да ја затвори; ти имаш мала сила и сепак го запази словото Мое, и не одречувај се од името Мое. Ете, ќе ти дадам некои од сатанската зборница – оние, што велат дека се Јудејци, а не се, туку лажат – ете, ќе направам да дојдат и да се поклонат пред нозете твои и да познаат, дека Јас те засакав. Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и Јас ќе те запазам од часот на искушението, кое ќе дојде над целата вселена, за да ги искуша оние што живеат на земјата. Ете, идам скоро: држи, што имаш, за да не го земе никој венецот твој. Оној, кој победува, ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог, и нема веќе да излезе надвор; и ќе го напишам над него името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, на новиот Ерусалим, кој слегнува од небото од Мојот Бог, и Моето ново име. Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите. И на ангелот на Лаодикиската црква напиши му: ова го вели Амин, Верниот и Вистинскиот Сведок, Почетокот на Божјото создание – ги знам делата твои: ти не си ни студен, ни жежок; о, да беше студен или жежок! Така, бидејќи си млак, и не жежок, ниту студен, ќе те изблуам од устата Своја. Оти велиш: »Богат сум, и се збогатив, и ништо не ми треба«, а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол; те советувам да си купиш од Мене злато, низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бело облекло, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја, и со очна маст намачкај ги очите твои, за да гледаш. Кои Јас ги сакам, нив ги карам и казнувам. И така, биди ревностен и покај се. Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене. На оној, што победува, ќе му позволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол. Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите. Потоа погледнав, и ете, врата отворена на небото, и поранешниот глас, што го бев чул како од труба, кој зборуваше со мене, рече: »Искачи се овде и ќе ти покажам што треба да стане потоа!« И веднаш бев обземен од духот. И ете, на небото стоеше престол, и на престолот седеше Некој. Оној, Кој седеше, изгледаше како камен од јаспис и сардис, а околу престолот виножито, кое што прилегаше на смарагд. Околу престолот, пак, имаше дваесет и четири престоли; а на престолите видов седнати дваесет и четири Старци, облечени во бели алишта, а на главите имаа златни венци. И од престолот излегуваа молњи, громови и гласови, а пред престолот гореа седум огнени светила, кои што се седумте Божји духови; пред престолот, пак, имаше стаклено море, слично на кристал; а сред престолот и околу престолот – четири животни, однапред и одназад полни со очи: првото животно прилегаше на лав, второто – на теле, третото животно имаше лице како на човек, а четвртото личеше на орел во лет. И четирите животни имаа по шест крилја околу себе, а одвнатре беа полни со очи, и без прекин дење и ноќе воскликнуваа: »Свет, свет, свет е Господ Бог Седржителот, Кој беше, Кој е и Кој ќе дојде!« А кога животните Му воздаваа слава, чест и благодарност на Седнатиот на престолот, на Живиот во веки веков, дваесет и четирите Старци паѓаа пред Седнатиот на престолот, Му се поклонуваа на Живиот во сите векови и ги полагаа своите венци пред престолот, велејќи: Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено! И видов во десницата на Оној, Кој седеше на престолот, книга напишана одвнатре и однадвор, запечатена со седум печати. И видов силен ангел, што викаше со висок глас: »Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши печатите нејзини?« И никој не можеше, ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, да ја отвори книгата, ниту, пак, да ја гледа. И јас многу плачев, дека никој не се најде достоен да ја отвори и да ја прочита таа книга, ниту да ја гледа. А еден од Старците ми рече: »Не плачи! Ете, победи Лавот, Кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов, победи да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините седум печати!« Погледав, и ете, среде престолот и четирите животни и среде Старците стоеше Агнецот, како заклан, со седумте рога и седумте очи, кои што се седумте духови Божји, пратени по целиот свет. Он дојде и ја зеде книгата од Оној, Кој седеше на престолот. И кога ја зеде книгата, четирите животни и дваесет и четирите Старци паднаа пред Агнецот, држејќи секој од нив гусле и златни чаши, полни со темјан, кои што се молитвите на светиите; и пееја нова песна, велејќи: »Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе, и нѐ направи пред нашиот Бог цареви и свештеници; и ќе царуваме на земјата!« Потоа видов и чув глас на многу ангели околу престолот и околу животните и Старците, а бројот им беше мирјада мирјади и илјада илјади, кои зборуваа со висок глас: »Достоен е закланиот Агнец да ја прими силата и богатството, премудроста и моќта, честа, славата и благословот!« И секое создание на небото и на земјата, под земјата и во морето, и сѐ што е во нив, чув да зборува: »На Оној, Кој седи на престолот, и на Агнецот – благослов и чест, слава и владеење во сите векови!« А четирите животни велеа: »Амин!« И дваесет и четирите Старци паѓаа и Му се поклонуваа на Живиот во сите векови. И видов кога Агнецот скрши еден од седумте печати, и чув едно од четирите животни да зборува како со глас на грмотевица: »Дојди и види!« И видов, ете, бел коњ, и на него јавач со лак; и Му беше даден венец, и тој излезе како победник, за да победи. А кога го извади вториот печат, го чув второто животно да зборува: »Дојди и гледај!« И излезе друг коњ, црвен; и на јавачот му беше дадено да го одземе мирот на земјата, та еден со друг да се убиваат; и му беше даден голем меч. А кога се отвори третиот печат, го чув третото животно да зборува: »Дојди и види!« И видов, ете вран коњ, а на него јавач со мерила во раката своја. И чув глас среде четирите животни, кој зборуваше: »Шиник пченица за динариј, и три шиника јачмен за динариј; но растителното масло и виното ќе ги нема!« А кога се раскрши четвртиот печат, го чув гласот на четвртото животно како зборуваше: »Дојди и гледај!« И видов. И ете сив коњ, а на него јавач, чие име беше смрт; и адот врвеше по него, и му се даде власт над четвртина од земјата – да убива со меч и глад, со помор и земни ѕверови. А кога го симна петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите заклани заради словото Божјо и за сведоштвото, што го имаа и викаа со висок глас, велејќи: »До кога, Владико, свети и вистинити, нема да судиш и да им се одмаздуваш за нашата крв на оние, што живеат на земјата?« И на секого од нив им се дадоа бели облеки, и им се рече да починат уште малку време, додека не се дополни бројот на нивните сотрудници и браќа, што ќе бидат убиени, како и тие. И видов, кога се крена шестиот печат. И, ете, настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв; ѕвездите, пак, небески паднаа на земјата, како што смоквата, лулана од силен ветар, ги исфрла пупките свои; и небото се оттргна како книга свиткана, и секоја гора и секој остров се поместија од местата свои; и царевите земни, и благородниците, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб и слободен се сокрија во пештери и горски камењари, велејќи им на планините и на карпите: »Паднете врз нас и сокријте нѐ од лицето на Оној, Кој седи на престолот и од гневот на Агнецот, зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да устои?« Потоа видов четири ангели како стојат на четирите агли од земјата, држејќи ги четирите земни ветрови, за да не дува ветар ни на земјата, ни по морето, ниту на некое дрво. И видов друг ангел како се подигаше од исток, кој имаше печат на живиот Бог. И тој извика со висок глас кон четирите ангели, на кои им беше дадено, да ја растурат земјата и морето, велејќи: Не пакостете ѝ на земјата, ниту на морето, ниту, пак, на дрвјата, додека не им ставиме печат врз челата на слугите на нашиот Бог! И го чув бројот на одбележаните со печат: сто и четириесет и четири илјади беа одбележани од сите колена на синовите Израилеви. Од Јудиното колено со печат одбележани – дванаесет илјади; од Рувимовото колено – дванаесет илјади; од Гадовото колено – дванаесет илјади; од Асировото колено – дванаесет илјади; од Нефталимовото колено – дванаесет илјади; од Манасииното колено – дванаесет илјади; од Симеоновото колено – дванаесет илјади, од Левииното колено – дванаесет илјади; од Исахаровото колено – дванаесет илјади; од Завулоновото колено – дванаесет илјади, од Јосифовото колено – дванаесет илјади; од Венијаминовото колено – дванаесет илјади. Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи – од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Агнецот, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете. И воскликнуваа со висок глас, велејќи: »За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Агнецот!« А сите ангели стоеја околу престолот, Старците и четирите животни, и падна ничкум пред престолот и Му се поклонија на Бога, велејќи: »Амин! Благослов и слава, премудрост и благодарност, чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови. Амин!« А еден од Старците прозборува и ме праша: »Оние, облеченине во бели облеки, кои се и од каде дошле?« А јас му одговорив: »Ти знаеш, господине.« А тој ми рече: »Тие се што дојдоа од големи маки; тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Агнецот. Затоа се пред престолот на Бога, Кому Му служат во Неговиот храм и дење и ноќе; и Оној, Кој седи на престолот, ќе се всели во нив; и нема веќе да огладнат, ниту, пак, да ожеднат; нив нема да ги пече сонцето, и никаква горештина; бидејќи Агнецот, Кој е среде престолот, ќе ги пасе и води на живи извори водни, и Бог ќе им ја избрише секоја солза од очите нивни.« Кога го отвори седмиот печат, настана тишина на небото околу половина час. И ги видов седумте ангели, што стоеја пред Бога и им се дадоа седум труби. Тогаш дојде друг ангел со златна кадилница и застана пред жртвеникот; и му се даде многу темјан, та со молитвите на сите светии да го постави на златниот жртвеник, што беше пред престолот. Димот од темјанот со молитвите на светиите се издигна од раката на ангелот пред Бога. И ја зеде ангелот кадилницата, и ја наполни со оган од жртвеникот, и ја фрли на земјата, и тогаш се појавија гласови, грмотевици, светкавици и земјотрес. И седумте ангели, што ги држеа седумте труби, се приготвија да затрубат. Првиот ангел затруби, и се појави град и оган, смешани со крв, и паднаа на земјата. И една третина од дрвјата изгореа, и сета трева зелена изгоре. Затруби и вториот ангел – и како некоја голема гора, пламната во оган, се срина во морето; и третината од морето се претвори во крв; и умре третината од морските суштества, кои што имаа душа; и една третина од лаѓите пропаднаа. И третиот ангел затруби, и од небото падна голема ѕвезда, која гореше како светило, и падна врз третината од реките и водните извори. А името на таа ѕвезда е Пелин. И третиот дел од водите загорчи како пелин, и многу луѓе умреа од водите, бидејќи беа загорчени. Потоа затруби и четвртиот ангел, и беше удрена третината од сонцето, третината од месечината и третината од ѕвездите, за да им потемнее нивниот трет дел, та третината од денот, како и на ноќта, да не свети. И видов и чув еден орел како лета посреде небото и да вика со висок глас: »Тешко, тешко, тешко на оние што живеат по земјата од другите трубни гласови на трите ангели, што ќе трубат!« Затруби и петтиот ангел, и видов ѕвезда како падна од небото на земјата. И ѝ се даде клучот од кладенецот на бездната; па го отвори кладенецот на бездната, и од кладенецот излезе дим како дим од голема печка; сонцето и воздухот потемнеа од димот на изворот. И од димот се појавија скакулци по земјата, и им се даде власт, каква што имаат земните скорпии. И им се рече: да не ја повредуваат земната трева, ниту какво и да било зеленило, ниту некое дрво, а само оние луѓе, кои немаат печат Божји на челата свои. И им се даде не да ги убиваат, туку само да ги мачат пет месеци; и мачењето нивно беше како мачење од скорпија, кога каснува човек. Во тие дни луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат; ќе посакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив. По својот облик скакулците личеа на коњи, приготвени за војна: на главите нивни имаше како златни круни, а лицата им беа како лица човечки; имаа коси како косите на жени, а забите им беа како заби на лавови. И имаа оклопи како оклопи од железо; а шумот на нивните крилја беше како шум на коли со многу коли со многу коњи, кои трчаат во војна. Имаа, пак, опашки како скорпиите, а на опашките осила и им беше дадена сила да им пакостат на луѓето пет месеци. И за цар над себеси го имаа ангелот на бездната; името негово по еврејски е Авадон, а по Елински – Аполион. Едното зло помина, еве идат уште две зла по него. И шестиот ангел затруби, и чув еден глас од четирите рога на златниот жртвеник, што е пред Бога, кој му зборуваше на шестиот ангел, кај кого беше трубата: »Ослободи ги четирите ангели, врзани при големата река Еуфрат!« И беа одврзани четирите ангели, кои беа приготвени за часот и денот, за месецот и годината, за да ја убијат третината од луѓето. Бројот на коњаниците беше двесте милиони – го чув нивниот број. И така во видение ги видов коњите и оние, кои јаваа на нив, што имаа оклопи огнени и синкасти и сулфурни. Главите на коњите личеа на глави од лавови, а од устата нивна излегуваше оган, дим и сулфур. А од тие три зла – огнот, димот и сулфурот, што излегуваа од нивната уста, умре третината од луѓето; бидејќи нивната сила беше во нивната уста, а опашките нивни, што личеа на змии, имаа глави со кои пакостеа. А другите луѓе, што не загинаа од тие зла, не се покајаа за делата на рацете свои, та да не се поклонуваат ни на ѓаволи ни на идоли златни и сребрени, бакарни, камени и дрвени, кои не можат ниту да гледаат, ниту да слушаат, ниту, пак, да одат; и не се покајаа ни за убиствата свои, ни, пак, за вражбите свои, ниту за блудството свое, нити за кражбите свои. И видов друг силен ангел како слегнува од небото, опфатен од облак, над главата виножито, а лицето негово беше како сонце, додека нозете како огнени столбови; во раката своја тој држеше отворена книшка; и ја постави десната своја нога над морето, а левата – над земјата; и извика со висок глас, како што рика лав; а кога извика, седум громови проговорија со своите гласови. И кога седумте громови проговорија со своите гласови, сакав да пишувам. Но чув глас од небото, кој што ми зборуваше: »Запечати го тоа, што зборуваа седумте громови, и немој да го пишуваш!« И ангелот, кого го видов да стои над морето и над земјата, крена рака кон небото и се заколна во Оној, Кој живее во веки веков, и Кој го создал небото и сѐ што е на него, земјата и сѐ што е на неа, и морето и сѐ што е во него – дека не ќе има веќе време, но во деновите, кога седмиот ангел ќе возгласи и затруби, тогаш ќе се изврши тајната на Бога, како што им беше објавил Он на своите слуги – пророците. И гласот, што го бев чул од небото, одново прозборува за мене и рече: »Оди и земи ја отворената книшка од рацете на ангелот, што стои над морето и над земјата!« Тогаш отидов при ангелот и му реков: »Дај ми ја книшката!« Тој ми одговори: »Земи ја и изеди ја! Во стомакот твој таа ќе ти биде горчлива, но во устата ќе ти биде слатка како мед.« Ја зедов книгата од рацете на ангелот, и ја изедов и во устата моја беше слатка како мед, а кога ја изедов, ми беше горчлива во стомакот мој. И ми рече: »Треба пак да пророкуваш меѓу многу народи и племиња, јазици и цареви.« И ми се даде трска слична на жезал, и ми се рече: »Стани и измери го Божјиот храм и жртвеникот и оние, што се поклонуваат во него. А дворот пред храмот остави го и не го мери, бидејќи им е даден на незнабошците: тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеца. И ќе им дадам на двајца Мои сведоци, и тоа облечени во вреќи, да пророкуваат илјада двесте и шеесет дена.« Тоа се двете маслинови дрвца и двата светилника што стојат пред Господарот на земјата. И, ако некој сака да им направи неправда, оган ќе излезе од устата нивна и ќе ги проголта нивните непријатели; да, така треба да биде убиен оној, што ќе посака тоа да го направи. Тие ќе имаат власт да го затворат небото, за да не паѓа дожд во деновите на нивното пророкување, и ќе имаат власт над водите да ги претворат во крв и да ја поразат земјата со секаква мака, кога што ќе посакаат. И кога ќе го завршат сведоштвото свое, тогаш ѕверот, кој што ќе излезе од бездната, ќе им објави војна и ќе ги победи, и ќе ги убие. А труповите нивни ќе ги остави по улиците на големиот град, кој духовно се наречува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ беше распнат. И многу од народите и племињата и јазиците ќе ги гледаат нивните трупови три дена и половина и нема да позволат нивните трупови да се положат во гробови. И жителите на земјата ќе се зарадуваат и развеселат поради нив, и ќе си праќаат дарови еден на друг, бидејќи тие два пророка ги мачеа оние, што живеат на земјата. Но по трите дена и половина во нив ќе влезе животен дух од Бога, и тие ќе се исправат на нозете свои, и голем страв ќе ги обземе оние, што ќе ги гледаат. Тогаш тие ќе чујат висок глас од небото како им вели: »Искачете се ваму!« И тие ќе се издигнат на небото во облаци, и непријателите нивни ќе ги видат. Во тој час ќе настане голем потрес, и десеттиот дел од градот ќе се растури; а од потресот ќе загинат седум илјади човечки имиња; другите, пак, ќе се исплашат и ќе Му воздадат слава на небесниот Бог. Второто зло мина. Ете, брзо иде третото зло. Затруби и седмиот ангел, и по небото одекнаа силни гласови, кои викаа: »Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Он Ќе царува во сите векови!« И дваесет и четирите Старци, кои што седеа пред Бога на престолите свои, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бога, велејќи: »Ти благодариме, Господи Боже Седржителу, Кој си, Кој беше и Кој ќе бидеш, затоа што ја прими Својата голема сила и се зацари! И се разгневија народите, и дојде Твојот гнев и времето да им се суди на мртвите и да дадеш награда за слугите Твои – на пророците, на светиите и на оние, кои се плашат од името Твое, мали и големи, и да ги погубиш губителите на земјата!« Тогаш на небото се отвори храмот на Бога, и се јави ковчегот на заветот во Неговиот храм; и имаше светкавици и гласови, громови и земјотрес, и град голем. И голем знак се покажа на небото: жена, облечена во сонце; под нозете нејзини беше месечината, а на главата нејзина – венец од дванаесет ѕвезди. Таа беше тешка и викаше од породилни болки, и се мачеше да роди. Потоа се јави друг знак на небото. Ете, голем црвен змев со седум глави и десет рогови, а на главите негови седум круни; опашката негова повлече една третина од небеските ѕвезди и ги фрли на земјата. Змевот застана пред жената, која сакаше да роди, та, кога ќе роди, да го изеде детето нејзино. И таа роди машко дете, кое ќе ги пасе сите народи со железен жезал; и детето нејзино беше грабнато и однесено при Бога и Неговиот престол. А жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена. И настана војна на небото; Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но не устојаа, и за нив веќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змев – старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборен на земјата, и заедно со него и ангелите негови беа исфрлени. И чув висок глас на небото да зборува: »Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе. Тие го победија со крвта на Агнецот и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт. Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!« А кога виде змевот дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената што го беше родила машкото дете. И ѝ се дадоа на жената две крилја како на голем орел, за да одлета во пустината на своето место, каде што ќе се храни време, две времиња и половина време, далеку од лицето на змијата. И змијата испушти од устата своја вода како река по жената, за да ја одвлече со реката. Но земјата ѝ помогна на жената: и ја отвори земјата устата своја и ја проголта реката, што ја беше испуштил змевот од устата своја. И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино, што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исуса Христа. Потоа застанав на морскиот песок и видов како од морето излегува ѕвер со седум глави и десет рогови; на роговите негови имаше десет круни, а на главите негови – богохулни имиња. Ѕверот, кого го видов, прилегаше на леопард: нозете му беа како кај мечка, а устата – како уста на лав. И змевот му ја даде силата своја, и престолот свој, и голема власт. И видов, дека една од главите негови како да беше смртно ранета, но таа смртна рана му заздраве. Тогаш се зачуди целата земја и тргна по ѕверот; и му се поклонија на змевот, кој што му беше дал власт на ѕверот; му се поклонија и на ѕверот, велејќи: »Кој е како ѕверот, и кој може да војува со него?« Нему му се даде уста, што зборуваше големи зборови и богохулства; и му се даде власт така да прави четириесет и два месеца. Тогаш ја отвори устата за хулење против Бога, за да го похули името Негово, живеалиштето Негово и оние, што живеат на небото. И му се даде да војува против светиите и да ги победи; му се даде власт над секое колено, јазик и народ. И му се поклонија сите жители земни, чии имиња не се запишани во книгата на животот при Агнецот, заклан од созданието на светот. Кој има уво, нека чуе: кој во ропство води, во ропство ќе биде одведен; кој со меч убие, со меч треба да биде убиен. Тука е трпението и верата на светиите. И видов друг ѕвер како излегува од земјата. Тој имаше два рога како кај јагне и зборуваше како змев. И со сета власт на првиот ѕвер тој дејствуваше пред него и ја тераше целата земја и жителите нејзини да му се поклонат на првиот ѕвер, чија смртна рана се беше исцелила; и правеше големи чуда, па дури и оган да симнува од небото на земјата пред луѓето. И ги мамеше жителите земни со чудата, што му беа дадени да ги врши пред ѕверот, велејќи им на жителите земни да му направат лик на ѕверот, кој што имаше рана од меч и остана жив. И му се даде да вложи дух во ликот на ѕверот, та да прозборува тој и да направи да бидат убиени оние, кои нема да му се поклонат на ѕверовиот образ. И ќе направи на сите – мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови – да им се стави белег на десната рака или на челата нивни, та никој да не може ни да купува, ниту да продава, освен оние, што го имаат тој белег, или името на ѕверот, или бројот на името негово. Тука е мудроста. Кој има ум, нека го пресмета бројот на ѕверот, бидејќи е број на човек, и бројот му е шестотини шеесет и шест. Потоа видов: ете, Агнецот стои на гората Сион, и со Него сто и четириесет и четири илјади, што ги имаа на челата свои напишано името на Неговиот Отец. И чув глас од небото како шум од многу води и како звук од силен гром; чув глас на гуслари, што свират на гуслите свои и како да пеат нова песна пред престолот и пред четирите животни и Старците; и никој не можеше да ја научи таа песна, освен оние сто и четириесет и четири илјади, кои што беа откупени од земјата. Тие се, што не се осквернија со жена, бидејќи се девствени; тие се, што врват по Агнецот, каде и да оди. Тие се откупени меѓу луѓето, првенци на Бога и на Агнецот, и во устата нивна измама не се најде; тие се непорочни пред престолот Божји. И видов друг ангел како лета посреде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ. Тој зборуваше со висок глас: »Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и земјата, морето и водните извори!« И друг ангел се појави по него, велејќи: »Падна, падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство!« И трет ангел по него наиде, зборувајќи со висок глас: »Кој ќе му се поклони на ѕверот и на ликот негов, и прими белег на челото свое или на раката своја, тој ќе пие од виното на јароста Божја, вино неразводнето, излиено во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен со оган и сулфур пред светите ангели и пред Агнецот. Димот од мачењето нивно ќе се издига во сите векови; нема да имаат мир ни дење, ни ноќе оние, што ќе му се поклонат на ѕверот и на неговиот образ, и што ќе го примат белегот на неговото име!« Тука е трпението на светиите; тука се оние, што ги пазат заповедите Божји и верата во Исуса. И чув глас од небото да ми вели: »Напиши – блажени се мртвите, кои отсега умираат во Господа! Да – вели Духот – нека се одморат од трудот свој, оти делата нивни ги следат!« И видов: ете, светол облак, и на облакот седеше сличен на Синот Човечки; на главата Своја Он имаше златен венец, а во раката – остар срп. И друг ангел излезе од храмот и му извика со силен глас на оној, што седеше на облакот: »Замавни со српот и жнеј, зашто дојде твојот час за жетва: оти житото на земјата е зрело!« И оној, што седеше на облакот, го фрли српот свој на земјата и земјата беше пожнеана. И друг ангел излезе од храмот, што се наоѓаше на небото, и имаше исто така остар срп. И друг ангел, кој имаше власт над огнот, излезе од жртвеникот и со силен глас извика кон оној, што имаше остар срп, велејќи: »Фрли го српот свој и обери го грозјето од земното лозје, зашто зрната му се веќе зрели!« И ангелот го фрли српот свој на земјата, го обра земното лозје и го фрли во големата каца на Божјиот гнев, и се изгмечи кацата надвор од градот, и потече крв од кацата дури до уздите на коњите, на илјада и шестотини стадии. И видов друг знак на небото, голем и чуден: седумте ангели, што ги држеа седумте последни порази, зашто со нив ќе се заврши Божјиот гнев. И видов нешто како стаклено море, измешано со оган; а оние што го победија ѕверот и неговиот лик, неговиот белег и бројот на неговото име, стоеја на тоа стаклено море и имаа гусли Божји. И ја пееја песната на Мојсеја, Божјиот слуга, и песната на Агнецот, велејќи: »Големи и чудни се делата Твои, Господи Боже Седржителу! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Цару на народите! Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое? Оти само Ти си свет; зашто сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе; бидејќи Твоите судови станаа јавни!« Потоа видов: ете, на небото се отвори храмот на скинијата на сведоштвото. И излегоа од храмот седумте ангели, што ги држеа седумте зла, облечени во чисти и светли облеки од ленено платно и опашани преку градите со златни појаси. И едно од четирите животни на седумте ангели им даде седум златни чаши, полни со гневот на Бога, Кој живее во веки веков. И се исполни храмот со дим од славата на Бога и од силата Негова, и никој не можеше да влезе во храмот, додека не се извршија седумте порази на седумте ангели. И чув од храмот висок глас како им вели на седумте ангели: »Одете, излијте ги седумте чаши со гневот Божји на земјата!« И отиде првиот ангел, и ја изли чашата своја на земјата; и по луѓето, што го имаа белегот на ѕверот и, му се поклонуваа на ликот, се појавија лоши и лути рани. И вториот ангел ја изли чашата своја во морето: и тоа стана како крв од убиен човек; и сѐ живо изгина во морето. Третиот ангел ја изли чашата своја во реките и во изворите водни, и тие се претворија во крв. Потоа го чув ангелот на водите како вели: »Праведен си, Господи, Кој си, Кој беше, и Кој си свет, зашто така осуди, бидејќи тие пролеаја крв на светии и пророци, и Ти им даде да пијат крв – заслужуваат!« И чув друг да зборува од жртвеникот: »Да, Господи Боже Седржителу, вистинити и праведни се твоите пресуди!« Четвртиот ангел ја изли чашата своја врз сонцето; и му се даде луѓето да ги жари со оган. И силна жега ги опфати луѓето, и го похулија името на Бога, Кој има власт над тие зла, и не се покајаа да Му воздадат слава. Петтиот ангел ја изли чашата своја врз престолот на ѕверот; и царството негово се помрачи и луѓето ги гризеа јазиците свои од болка и похулија на небесниот Бог поради болките и раните свои, но не се покајаа за делата свои. Шестиот ангел ја изли чашата своја во големата река Еуфрат; и се пресуши водата нејзина, за да се приготви патот за царевите од сончевиот исток. И видов кога од устата на змевот и од устата на ѕверот и од устата на лажниот пророк излегоа три нечисти духа, како жаби; оти тоа се ѓаволски духови, кои прават чуда; тие одат кај царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во оној голем ден на Бога Седржителот. »Ете, Јас доаѓам како крадец: блажен е оној, кој што бдее и пази на алиштата свои, за да не оди гол, и да не се гледа срамот негов!« И ги собра на местото наречено по еврејски Армагедон. Седмиот ангел ја изли чашата своја на воздухот; и од престолот на небесниот храм се пронесе силен глас, кој што извика: »Се сврши!« И имаше светкавици, громови и гласови, и стана силен земјотрес, таков и голем и силен потрес, каков што не станал откако има луѓе на земјата. Големиот град се раздели на три дела, и градовите на незнабошците паднаа; а Вавилон големиот се спомна пред Бога, за да му се даде чашата со вино од јароста на Неговиот гнев. Сите острови исчезнаа, и гори веќе не се гледаа. И град, голем како талант, падна од небото, на луѓето; а луѓето похулија на Бога поради злото од градот, зашто тоа зло беше многу големо. Потоа дојде еден од седумте ангели, што ги имаа седумте чаши, и зборуваше со мене, велејќи ми: »Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница, која што седи над многу води; со неа блудствуваа земните цареви, и со виното на нејзиното блудство се опија жителите на земјата!« И ме одведе со духот во пустина: и видов една жена како седи на црвен ѕвер, кој што беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови. А жената беше облечена во пурпур и скерлет и накитена со злато, драгоцени камења и бисери; во раката своја држеше златна чаша, полна со гнасотија и нечистотија од блудството нејзино. А на челото ѝ беше напишано името: »Тајна, Вавилон големиот, мајка на блудниците и на земните гнасотии.« И ја видов жената како се опива со крвта на светиите и од крвта на сведоците Исусови; и се зачудив многу, кога ја видов. И ми рече ангелот: »Што се чудиш? Јас ќе ти ја кажам тајната на оваа жена, и на ѕверот, што ја носи и има седум глави и десет рогови. Ѕверот, што го виде ти, беше и го нема: тој ќе излезе од бездната, и ќе загине; и земните жители, чии имиња не се запишани во книгата на животот од созданието на светот, ќе се почудат, кога ќе видат дека ѕверот беше и го нема, иако постои. Овде е потребен ум, што има мудрост. Седумте глави, тоа се седумте гори, врз кои седи жената; а седумте цареви, од кои петмина паднаа, едниот постои, другиот уште не дошол; и кога ќе дојде, малку ќе остане. И ѕверот, што беше и кого што го нема, е осми; тој е еден од седумте и ќе загине. А десетте рогови, што ги виде, се десет цареви, кои царства уште не примија, туку како цареви ќе добијат власт само за извесно време заедно со ѕверот. Тие имаат една мисла, и силата и власта своја ќе му ја предадат на ѕверот. Тие ќе војуваат против Агнецот, и Агнецот ќе ги победи, оти Он е Господар над господарите и Цар над царевите, и оние, што ќе се со Него, се повикани и избрани и верни.« И ми рече: »Водите, што ги виде ти, каде што седи блудницата, тоа се луѓето и народите, племињата и јазиците. А десетте рогови, што ги виде на ѕверот, тие ќе ја замразат блудницата, ќе ја запустат и оголат, и телото нејзино ќе го изедат, а неа самата на оган ќе ја изгорат. Оти Бог им даде во срцата нивни да ја исполнат волјата Негова, да се договорат и да го дадат царството свое на ѕверот, додека не се исполни словото Божјо. А жената, која што ја виде ти, е големиот град, кој царува над земните цареви.« А по ова видов како слегува од небото друг ангел, кој имаше власт голема: и земјата светна од неговиот болскот. И извика силно, зборувајќи со висок глас: »Падна, падна Вавилон големиот, и стана ѓаволско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух, врталиште на сите нечисти и гадни птици; оти со виното отровно на своето блудство ги напои сите народи. И царевите земни блудствуваа со неа, а трговците земни се збогатија од нејзината голема раскош!« И чув друг глас од небото да вели: »Излезете од неа, луѓе Мои, за да не учествувате во гревовите нејзини, и да не се заразите од раните нејзини; бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини. Платете ѝ како што и таа ви плати вам, и дајте ѝ двојно онолку за децата нејзини; со чашата, со која што ве служеше, послужете ја двојно. Колку што се прослави и живееше раскошно, толку мака и јад вратете ѝ. Оти во срцето свое вели: ‚Седам како царица, вдовица не сум и мака нема да видам.‘ Затоа во еден ден ќе ја сполетаат поразите: смрт, жалост и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто силен е Господ, Кој ја суди. И ќе заплачат и ќе заридаат по неа царевите земни, кои што блудствуваа со неа и живееја раскошно, кога ќе го видат димот од горењето нејзино; и стоејќи од далеку, од страв пред нејзининте маки ќе велат: ‚Тешко, тешко, голем граде Вавилоне, граде силни, оти во еден час дојде пресудата твоја!‘ И трговците земни ќе плачат и ридаат за неа, бидејќи стоките нивни нема веќе никој да ги купува: стоки од злато и сребро, од драгоцени камења и бисери, од висон и порфир, од свила и скерлет, секакво миризливо дрво и секакви работи од слонова коска: секакви изработки од скапоцено дрво, од бакар, железо, мермер; и цимет и темјан, миро и ливан, вино и елеј, брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, тела и души човечки. И овошјата, за кои душата ти копнееше, се отстранија од тебе, и сѐ масно и светло исчезна од тебе, и нема веќе да го најдеш. Трговците, кои што со тие стоки се збогатија од неа, ќе стојат од далеку заради страв пред маките нејзини, и плачејќи, и ридајќи ќе зборуваат: ‚Тешко, тешко тебе, граде голем, облечен во свила, порфир и скерлет, украсен со злато, драгоцени камења и бисери, зашто во еден миг пропадна толку големо богатство!‘« И сите сопственици на лаѓи, и сите патници во лаѓите, и морнарите, и оние, што тргуваат по море, застанаа од далеку и викаа, па гледајќи го димот од горењето негово, велеа: »Кој беше како овој голем град?« И ги посипаа главите свои со пепел, и со плачење викаа и велеа: »Тешко, тешко тебе, граде голем, со чии драгоцености се обогатија сите, што имаа лаѓи по море; оти за еден миг запусте!« Весели се поради тоа, небо, и вие свети апостоли и пророци, зашто Бог ги заштити вашите права! Тогаш еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички, па го фрли во морето и рече: »Со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема веќе!« И глас на гуслари, пеачи, свирачи и трубачи во тебе нема веќе да се чуе; никаков уметник од која и да е уметност нема веќе да се најде во тебе, шум од воденичен камен нема веќе да се чуе во тебе. И светлина од светила нема веќе да осветлува во тебе, и глас на младоженец и невеста нема веќе да се чуе во тебе, бидејќи трговците твои беа големи луѓе на земјата, зашто преку твоите магии се заблудија сите народи. И во него се најде крв на пророци и светии, а и на сите што беа избиени на земјата. Потоа чув висок глас како од многу народ на небото, кој велеше: »Алилуја, спасение и слава, чест и сила на нашиот Бог, зашто пресудите Негови се вистинити и праведни; бидејќи он ја осуди големата блудница која со своето блудство ја расипа земјата, и се одмазди за крвта на слугите Свои, што загинаа од раката нејзина.« И повторно рекоа: »Алилуја! Димот нејзин ќе се издига во веки веков!« Тогаш паднаа дваесет и четирите Старци и четирите животни, та Му се поклонија на Бога, Кој седеше на престолот велејќи: »Амин, алилуја!« А од престолот излезе глас, кој велеше: »Фалете Го нашиот Бог сите слуги Негови и вие, кои што се боите од Него, големи и мали!« И чув глас како од многу народ, глас како од многу води, и глас како од силни грмотевици, кои велеа: »Алилуја, зашто се зацари Господ Бог, Седржителот! Да се радуваме и да се веселиме и да Му воздадеме слава, бидејќи дојде свадбата на Агнецот, и жена Му се приготви! И ѝ се даде да се облече во чист и светол висон.« А висонот е праведноста на светиите. И ми рече: »Напиши – блажени се поканетите на свадбената вечера при Агнецот!« А ми рече уште: »Ова се вистински Божји зборови!« И паднав пред нозете негови да му се поклонам; но тој ми рече: »Стој, не – јас сум слуга како и ти и браќата твои, што го имаат сведоштвото Исусово; поклони Му се на Бога, зашто сведоштвото Исусово е Духот на пророштвото!« И го видов небото отворено, и ете, коњ бел. Оној, Кој јаваше на него, се вика Верен и Вистинит, и Он праведно суди и војува; очите Му беа како огнен пламен, а на главата имаше многу круни и напишано име, кое освен Него, никој не го знаеше. И беше облечен во облека, натопена со крв, и со името – Слово Божјо. А небесните војски, облечени во бел и чист висон, врвеа по Него на бели коњи. Од устата Негова излегуваше остар меч, за да ги порази со него идолопоклониците. Он ќе ги пасе со железен жезал, и ќе ја изгази кацата со вино на јароста и гневот на Бога Седржителот. На облеката и на бедрото Негово беше напишано името: »Цар над царевите« и »Господар над господарите.« Потоа видов еден ангел како стои на сонцето; тој извика со висок глас и им рече на сите птици, што летаа среде небото: »Долетајте и соберете се на големата вечера Божја, да јадете тела на цареви, тела од војводи, тела од силни, тела од коњи и од нивните јавачи, и тела од сите – слободни и робови, мали и големи!« Тогаш го видов ѕверот и земните цареви и нивните војски, собрани за да војуваат против Оној, Кој седеше на коњ, и Неговата војска. Ѕверот беше фатен, а заедно со него и лажниот пророк, кој правеше чуда пред него, та ги соблазни оние, што беа примиле белег од ѕверот и му се клањаа на неговиот лик: и обајцата живи беа фрлени во огненото езеро со запален сулфур; другите, пак, беа убиени со мечот, што излегуваше од устата на Оној, Кој седеше на коњот. И сите птици се наситија од телата нивни. Потоа видов како од небото слегуваше ангел, кој што го имаше клучот од бездната и голема верига во раката своја: го фати змевот, древната змија, која што е ѓаволот и сатаната – и го врза за илјада години; потоа го фрли во бездната и го заклучи, ставајќи печат врз него за да не ги лаже веќе народите до завршувањето на илјадата година; по ова време тој треба да биде пуштен за малку време. И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат, а и душите, чии глави беа исечени поради сведоштвото Исусово и заради словото Божјо, а и оние, што не му се поклонија на ѕверот, ниту на ликот негов, и не примија белег на челата свои и на рацете свои; и оживеаја и царуваа со Христа илјада години. Другите, пак, од умрените не оживеаја, додека не се навршат илјадата години. Тоа е првото воскресение. Блажен и свет е оној, кој има дел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт, а ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со Него илјада години. А кога ќе се навршат илјадата години, сатаната ќе биде пуштен од затворот свој, и ќе излезе да ги лаже народите по четирите краишта на земјата, Гога и Магога, и да ги собере за војна: бројот нивни е колку морскиот песок. Тие излегоа по ширината земна и го заобиколија живеалиштето на светиите и возљубениот град; падна од Бога оган небесен и ги проголта. А ѓаволот, што ги лажеше, беше фрлен во огнено и сулфурно езеро, каде што е ѕверот и лажниот пророк: тие ќе бидат мачени дење и ноќе во веки веков. И видов голем бел престол и Седнатиот на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и за нив место не се најде. Потоа ги видов мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори – книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни. Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои. А смртта и пеколот беа фрлени во огнено езеро. Тоа е втората смрт. И кој што не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во огненото езеро. И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето го немаше веќе. Тогаш јас, Јован, го видов светиот град Ерусалим, нов, како слегува од Бога, од небото, стокмен како невеста, променета за својот маж. И чув висок глас од небото како зборува: »Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.« И Седнатиот на престолот рече: »Ете, сѐ ново создавам.« И ми рече: »Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни.« Потоа ми рече: »Се сврши! Јас сум Алфа и Омега, почетокот и крајот. На жедниот ќе му дадам Јас од изворот на жива вода дарум. Кој победува, ќе наследи сѐ, и ќе му бидам Бог, а тој ќе Ми биде син. А на плашливците и неверните, на поганите и убијците, на блудниците и магесниците, на идолопоклониците и на сите што лажат, делот им е во езерото, што гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт.« Тогаш дојде при мене еден од седумте ангели, што ги држеа седумте чаши, полни со седумте последни зла, ми прозборува и рече: »Дојди, ќе ти ја покажам невестата – жената на Агнецот.« Па ме одведе духом во една голема и висока гора и ми го покажа големиот град, светиот Ерусалим, кој слегуваше од небото – од Бога, и имаше Божја слава; светлината негова прилегаше на најдрагоцен камен, како светол камен јаспис; тој имаше големи и високи ѕидови, дванаесет порти, а над нив дванаесет ангели и напишани имињата на дванаесетте колена на синовите Израилеви: спроти исток три порти, спроти север три порти, спроти југ – три порти, спроти запад – три порти. Ѕидовите на градот имаа дванаесет темели, и врз нив имињата на дванаесетте апостоли на Агнецот. А оној што зборуваше со мене, имаше трска златна за да го измери градот и портите негови и ѕидовите негови. Градот беше четириаголен, а должината му е колку што и широчината. Тој го измери градот со трската и најде дека изнесува дванаесет илјади стадии; должината, широчината и височината негова – еднакви. Потоа ги измери ѕидовите негови, што беа сто и четириесет и четири лакти, со мерка човечка, која што е и ангелска. Ѕидовите му беа изградени од јаспис, а градот – од чисто злато, како чисто стакло. Темелите на градските ѕидови беа украсени со секаков вид драгоцени камења: првиот темел – јаспис, вториот – сафир, третиот – халкидон, четвртиот – смарагд, петтиот – сардоникс, шестиот – сард, седмиот – хрисолит, осмиот – вирил, деветтиот – топаз, – десеттиот – хрисопрас, единаесеттиот – хијацинт, дванаесеттиот – аметист. А дванаесетте порти беа дванаесет бисери: секоја порта беше од еден бисер; улиците на градот беа од чисто злато како провидно стакло. Храм, пак, не видов во него, бидејќи Господ Бог Седржителот и Агнецот се неговиот храм. И градот немаше потреба ни од сонце, ни од месечина за да светат во него, зашто Божјата слава го осветлила, а светлината му е Агнецот. И спасените народи ќе одат по неговата светлина, и царевите земни ќе ја принесат во него својата слава и чест. А портите негови нема да се заклучуваат дење, оти таму нема да има ноќ. И ќе ја принесат во него славата и честа на народите; и нема во него да влезе ништо нечисто, ни оној кој врши гнасни работи и лаже, а само оние, кои што се запишани во книгата на животот на Агнецот. И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истекуваше од престолот на Бога и на Агнецот. Среде главната улица и од двете страни на реката – дрвото на животот, што раѓа плодови дванаесет пати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служат за исцелување на народите. И нема веќе да има никакво проклетство; престолот на Бога и на Агнецот ќе биде во градот; Неговите слуги ќе Му служат и ќе Го гледаат лицето Негово, а името Негово ќе им биде на челата нивни. И ноќ нема да има таму, и не ќе имаат потреба од светило, ниту од сончева светлина, бидејќи Господ Бог ќе ги осветлува, и ќе царуваат во веки веков. И ми рече: »Овие зборови се верни и вистинити. Господ, Бог на светите пророци, го испрати ангелот Свој, за да им покаже на Своите слуги, што ќе стане наскоро. Еве, доаѓам скоро; блажен е оној, кој ги пази пророчките зборови на оваа книга!« И јас, Јован, го видов и го чув ова; и кога го чув и видов, паднав за да се поклонам пред нозете на ангелот, кој што ми го покажа ова. Но тој ми рече: »Стој, немој, оти сум и јас слуга како ти, и браќата твои – пророци и оние, што ги држат зборовите на оваа книга. Поклони Му се на Бога!« И ми рече: »Не запечатувај ги пророчките зборови на оваа книга, бидејќи времето е блиску! Кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен, нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште. И еве, ќе дојдам скоро, и отплатата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови. Јас сум Алфа и Омега, Почеток и Свршеток, Првиот и Последниот!« Блажени се оние, што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите. А надвор се кучињата, вражачите, блудниците, убијците, идолопоклониците и секој, што сака да лаже и лаже. Јас, Исус, го испратив Својот ангел да ви го посведочи ова по црквите. Јас сум корен и род Давидов, сјајната ѕвезда Деница. И Духот и невестата велат: »Дојди!« И кој чуе, нека каже: »Дојди!« И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум. И Јас му сведочам на секого, кој што ги слуша пророчките зборови на оваа книга. Ако некој нешто додаде кон нив, нему Бог ќе му наметне поразии напишани во оваа книга. Ако некој одземе од пророчките зборови на оваа книга, Бог ќе му одземе дел од книгата на животот, и од светиот град, и од она, што е напишано во оваа книга. Зборува оној, што го сведочи ова: »Да, ќе дојдам скоро!« – Амин! »Да, дојди, Господи Исусе!« Благодатта на нашиот Господ Исус Христос со сите вас. Амин!