Извештај за родословието на Исус, Месијата потомок на царот Давид, кој, пак, е потомок на Авраам: Од Авраам се роди Исак, од Исак се роди Јаков, од Јаков се родија Јуда и неговите браќа, од Јуда и жена му Тамара се родија Перец и Зера, од Перец се роди Хецрон, од Хецрон се роди Рам, од Рам се роди Аминадав, од Аминадав се роди Нашон, од Нашон се роди Салмон, од Салмон и жена му Рахав се роди Боаз, од Боаз и жена му Рута се роди Овед, од Овед се роди Јишај, од Јишај се роди царот Давид. Од Давид и поранешната жена на Урија се роди Соломон, од Соломон се роди Рехавам, од Рехавам се роди Авија, од Авија се роди Асаф, од Асаф се роди Јехошафат, од Јехошафат се роди Јорам, од Јорам се роди Узија, од Узија се роди Јотам, од Јотам се роди Ахаз, од Ахаз се роди Езекија, од Езекија се роди Манаше, од Манаше се роди Амос, од Амос се роди Јошијаху, од Јошијаху се родија Јаканјаху и неговите браќа, за време на прогонството во Вавилон. По прогонството во Вавилон, од Јаканјаху се роди Шеалтиел, од Шеалтиел се роди Зерубавел, од Зерубавел се роди Авихуд, од Авихуд се роди Елијаким, од Елијаким се роди Азур, од Азур се роди Цадок, од Цадок се роди Јакин, од Јакин се роди Елихуд, од Елихуд се роди Елазар, од Елазар се роди Матан, од Матан се роди Јаков, од Јаков се роди Јосиф сопругот на Марија од којашто се роди Исус, наречен Месијата. Тоа се вкупно четиринаесет поколенија од Авраам до Давид, четиринаесет поколенија од Давид до прогонството во Вавилон и четиринаесет поколенија од прогонството во Вавилон до Месијата. А еве како се случи раѓањето на Исус, Месијата: Неговата мајка Марија беше свршена за Јосиф; но, уште додека таа беше девица, преку Светиот Дух во нејзината утроба се зачна дете. Тогаш нејзиниот свршеник Јосиф, кој беше праведен човек и не сакаше јавно да ја посрами, реши во тајност да ја остави. Но токму кога науми да го стори тоа, насон му се јави ангел Господов и му рече: „Јосифе, чедо Давидово, не плаши се да ја земеш Марија за жена, зашто Детето зачнато во неа е од Светиот Дух. Таа ќе роди Син на кој ќе Му дадеш име Исус, зашто Тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови.“ А сето ова се случи за да се исполни она што Господ го беше кажал преку пророкот Исаија: „Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син; и ќе го наречат Имануел, што во превод значи ,Бог е со нас.‘“ Кога стана од спиење, Јосиф постапи така како што му беше наредил ангелот Господов, и ја зеде Марија за своја жена. Но Јосиф ја запази Марија како девица, си додека таа не роди Син, на кој тој Му даде име Исус. Исус се роди во градот Витлеем, во покраината Јудеја, во времето кога таму владееше царот Ирод. Тогаш во Ерусалим допатуваа неколку мудреци од некоја источна земја и почнаа да се распрашуваат: „Каде е новородениот јудејски Цар? Видовме кога на исток се појави Неговата ѕвезда и дојдовме да Му се поклониме.“ Кога го слушна ова, царот Ирод се вознемири, а со него и целиот Ерусалим. Тој ги повика сите поглавари меѓу свештениците и сите вероучители меѓу народот, за да ги праша, каде треба да се роди Месијата. Тие му одговорија: „Во градот Витлеем, кој се наоѓа во покраината Јудеја; зашто, еве како запишал пророкот Михеј: Ти Витлееме, во јудејската земја, по ништо не заостануваш зад водечките градови во Јудеја, зашто од тебе ќе произлезе Водач Кој ќе му биде Пастир на мојот народ Израел.‘“ Тогаш Ирод скришно ги повика мудреците и од нив го дозна точното време кога се појавила ѕвездата. Потоа ги испрати за Витлеем, порачувајќи им вака: „Одете и подробно распрашајте се за Детето; штом ќе го најдете, јавете ми да појдам и јас да Му се поклонам.“ Откако го ислушаа царот, тие тргнаа на пат. И ете, ѕвездата што ја беа виделе на Исток одново се појави и ги водеше си до местото каде што се наоѓаше Детето. Кога видоа дека ѕвездата запре, тие бликнаа од радост! Влегувајќи во куќата, Го видоа Детето и мајка Му Марија, па паднаа ничкум и Му се поклонија. Потоа, ги отворија своите ковчежиња и Го даруваа со злато, со ливан и со смирна. Потоа тие си заминаа за својата земја по друг пат, откако Бог насон ги предупреди да не се враќаат кај Ирод. По заминувањето на мудреците, на Јосиф му се јави насон ангел Господов и му рече: „Стани, земи ги Детето и мајка Му и бегај во Египет; остани таму додека не ти се јавам, зашто Ирод ќе го бара Детето за да Го убие.“ Тогаш Јосиф стана, ги зеде Детето и мајка Му Марија и ноќта заминаа за Египет. И останаа таму си до смртта на Ирод. Со ова се исполнуваше претскажаното од Бог преку пророкот Осија: „Од Египет го повикав Мојот Син.“ Ирод збесна кога сфати дека мудреците го надитрија и нареди во Витлеем и во неговата околина да бидат убиени сите машки деца до двегодишна возраст согласно со времето што го беше дознал од мудреците. Со ова се исполнуваше претскажаното од пророкот Еремија: „Пискотници се слушаат во Рама, плач и тажни лелеци; Рахела плаче по своите деца и не сака да се утеши, зашто нив повеќе ги нема.“ По смртта на Ирод, на Јосиф, кој беше во Египет, му се јави насон ангел Господов и му рече: „Стани, земи ги Детето и мајка Му и врати се во израелската земја, зашто изумреа тие што сакаа да Му го одземат животот на Детето.“ Тогаш Јосиф стана, ги зеде Детето и мајка Му и сите се вратија во израелската земја. Меѓутоа, кога Јосиф дозна дека во Јудеја, на местото на Ирод дошол на власт неговиот син Архелај, се исплаши да појде таму. Па откако насон прими упатства, замина во покраината Галилеја. Таму се насели во градот Назарет, со што се исполнуваше претскажаното од пророците дека Месијата ќе Го викаат „Назареќанец“. Во тоа време, во јудејската пустина започна да проповеда Јован Крстител. Неговата порака беше: „Покајте се, зашто небесното царство се приближува!“ Тој е човекот што беше претскажан од пророкот Исаија со зборовите: „Глас одекнува низ пустината, кој вели: ,Пригответе пат за доаѓањето на Господ, исправете го патот за Него!‘“ Јован носеше облека исплетена од камилски влакна, а околу појасот носеше кожен ремен; се хранеше со скакулци и див мед. Кај него доаѓаа луѓе од Ерусалим, од цела Јудеја и од сите предели по долината на реката Јордан. Тие ги исповедаа своите гревови, а тој ги крштаваше во реката Јордан. Но кога Јован виде дека кај него доаѓаат да се крстат и голем број фарисеи и садукеи, им рече: „Змиски рожби! Кој ве предупреди, та бегате од Божјиот гнев што доаѓа!? Докажете на дело дека навистина сте се покајале! Не залажувајте се со тоа што сте потомци на Авраам, зашто, ви велам, Бог може и од овие камења да направи Авраамови потомци! Божјата секира е веќе замавната и в корен ќе го пресече и в оган ќе го фрли секое дрво што не раѓа добар плод. Јас ве крштавам во вода, врз основа на вашето покајание, но Оној што иде по мене е многу поголем од мене и јас не сум достоен ни сандалите да Му ги одврзам; Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган. Тој има лопата в раце и ќе го исчисти Своето гумно: житото ќе го собере во житните складови, а плевелот ќе го гори во вечен оган.“ Во тоа време, од Галилеја дојде Исус да се крсти кај Јован, во реката Јордан. А Јован го одвраќаше, велејќи Му: „Ти треба да ме крстиш мене, а не јас Тебе!“ Но Исус му рече: „Така треба да биде сега, зашто ние треба да исполнуваме си што е правилно.“ Тогаш Јован се согласи и Го крсти. И тукушто се крсти Исус и излегуваше од водата, наеднаш небото се отвори и Јован го виде Божјиот Дух, во облик на гулаб, како слегува и се спушти над Исус. Се чу и глас од небото, кој рече: „Ова е Мојот Син Мојот Љубимец, со Кого наполно Сум задоволен!“ Тогаш Духот го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од Ѓаволот. Откако таму постеше четириесет дни и четириесет ноќи, Тој изгладне. Тогаш искушувачот му пристапи и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“ Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели: ,Човекот не живее само од леб, туку и од секој збор што произлегува од Божјата уста!‘“ Тогаш Ѓаволот Го одведе Исуса во светиот град (Ерусалим), Го постави на врвот на храмот и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу, бидејќи во Светото Писмо пишува: ,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат, на своите дланки да Те понесат, за да не ти се препне од камен ногата.‘“ А Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушавај Го Господа, твојот Бог!‘“ Уште еднаш Ѓаволот Го искачи на највисоката планина и Му ги покажа сите царства на Земјата со сета нивна слава; и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам Тебе, ако паднеш ничкум и ми се поклониш!“ Но Исус му одговори: „Бегај оттука, Сатано! Светото писмо вели: ,Поклонувај Му се само на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“ Тогаш Ѓаволот Го остави, а кај Исус дојдоа ангели и Му служеа. Кога Исус разбра дека го уапсиле Јован Крстител, се повлече од Јудеја во Галилеја. Тој се исели од Назарет и се насели во Кафарнаум, покрај Галилејското Езеро, на територијата на потомците на Зевулун и Нафтали. Тогаш се исполни претскажаното од пророкот Исаија, кој рече: „Во земјата на Зевулун и Нафтали, крај морето, отаде реката Јордан, во Галилеја, каде што живеат луѓе кои не Го познаваат Бога, народот кој живее во мрак ќе види големо Светило; светлина ќе ги осветли луѓето што живеат во земјата каде што смртта надвиснува со својата сенка.“ Оттогаш Исус започна да проповеда, зборувајќи: „Покајте се, зашто небесното царство се приближува!“ Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус виде двајца браќа: Симон подоцна наречен Петар, и неговиот брат Андреј. Тие поставуваа мрежа во езерото, бидејќи по занает беа рибари. Исус ги повика: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе!“ Тие веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него. Одејќи понатаму, Исус виде и повика уште двајца браќа: Јаков и Јован, синови на Завдај, кои, заедно со својот татко Завдај се наоѓаа во своето бротче и си ги подготвуваа рибарските мрежи. Тие веднаш ги оставија бротчето и татка си и тргнаа по Исус. Исус одеше по цела Галилеја, поучувајќи по синагогите, проповедајќи ја Радосната вест за Божјото царство и исцелувајќи секакви болести и заболувања кај луѓето. Гласот за Него се рашири дури и во Сирија и кај Него ги доведуваа сите заболени од разни болести, луѓе обземени со демонски духови, епилептичари и парализирани и Исус ги исцелуваше. По Него тргна голема толпа народ од покраините Галилеја и Декаполис, како и од Ерусалим, од Јудеја и од пределите источно од реката Јордан. Кога Исус виде толку народ, се искачи на ридот, па откако седна, Му пристапија Неговите ученици и Тој започна да ги поучува вака: „Благословени се оние кои се чувствуваат духовно сиромашни, зашто на таквите им припаѓа небесното царство! Благословени се оние што тагуваат, зашто ќе бидат утешени! Благословени се кротките луѓе, зашто тие ќе бидат наследниците на Земјата! Благословени се луѓето кои се гладни и жедни за правда, зашто тие ќе бидат задоволени! Благословени се милостивите луѓе, зашто тие ќе бидат помилувани! Благословени се луѓето со чисто срце, зашто тие ќе Го видат Бога! Благословени се миротворците, зашто тие ќе бидат прогласени за Божји деца! Благословени се прогонуваните поради тоа што се справедливи, зашто ним им припаѓа небесното царство! Благословени сте и вие ако ве навредуваат и прогонуваат поради тоа што сте Мои следбеници и ако изнесуваат злобни лаги против вас. Радувајте се и ликувајте, зашто на небото ве чека голема награда; така беа прогонувани и Божјите пророци кои живееја пред вас.“ „Вие сте во улога на сол на Земјата; ако солта стане блуткава, како ќе ђ се врати солениот вкус? Таа ќе стане безвредна ќе биде фрлена да ја газат луѓето. Вие сте во улога на светлина на светот, како осветлен град изграден на врв планина, за сите да го гледаат. Никој не пали свеќа за да ја покрие со капак, туку ја става на свеќник, за да им свети на сите во куќата. Така и вие бидете светлина пред луѓето, нека видат добри дела во вас, па ќе Го слават вашиот небесен Татко.“ „Немојте да мислите дека сум дошол да ги укинам Божјиот Закон и учењата на пророците. Не дојдов да ги укинам, туку да ги исполнам. Зашто, ве уверувам дека, си додека постојат небото и Земјата, ниту најмал детаљ од Божјиот Закон нема да се укине си додека целосно не се исполни! Затоа, секој што ја прекршува макар и најмалата меѓу овие заповеди, па и другите луѓе ги учи така да прават ќе биде најмал во небесното царство; додека, пак, секој што живее според Божјиот Закон, па и другите луѓе ги учи да прават така ќе биде прогласен за голем во небесното царство. Зашто, ви велам, доколку вашата праведност не ја надмине праведноста на сегашните вероучители и на фарисеите вие никогаш нема да влезете во небесното царство!“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано: ,Не убивај! Кој ќе изврши убиство, ќе му биде судено!‘ Јас, пак, ви велам: ,Секој што истура гнев против својот ближен, заслужува осуда! Знаете дека секој што ќе навреди ближен, бива изведен пред вашиот Врховен суд, а доколку го проколнуваш својот ближен, можеш да завршиш и во огнениот пекол!‘ Така, кога ќе носиш жртвен прилог на Божјиот олтар, ако се сетиш дека твојот ближен ти е лут за нешто, остави го твојот прилог таму пред олтарот и појди прво помири се со својот ближен, а потоа врати се и принеси го својот жртвен прилог. Со секој што сака да те тужи пред законот, потруди се брзо да се спогодиш, уште додека сте заедно на патот, за да не те тужи на суд, а судот да те предаде на стражарите кои ќе те фрлат в затвор. Те уверувам дека нема да излезеш оттаму додека до грош не си го исплатиш долгот!“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон е заповедано: ,Не врши прељуба!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне туѓа жена и во мислите ќе ја посака во своето срце тој веќе извршил прељуба со неа! Ако, на пример, твоето десно око те наведува на грев извади го и фрли го; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот. И ако, на пример, твојата десна рака те наведува на грев отсечи ја и фрли ја; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот.“ „Во Мојсеевиот Закон беше заповедано и ова: ,Ако некој маж реши да се разведе од својата жена, нека ђ даде потврда за развод‘. Јас, пак, ви велам: ,Секој што се разведува од својата жена освен ако таа извршила прељуба ја наведува на прељуба; и секој што стапува во брак со разведена жена извршува прељуба.‘“ „Познато ви е и тоа, дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано вака: ,Не кршете ги своите заклетви; исполнувајте го тоа што сте го ветиле пред Господа!‘ Јас, пак, ви велам: ,Не заколнувајте се воопшто: ни во небото, зашто тоа е Божји престол; ни во Земјата, зашто таа е подножје на Неговите нозе; ни во Ерусалим, зашто тој град е на Великиот Цар; ни во својата сопствена глава, зашто не можете да создадете ни едно црно или бело влакно; кажете само ,Да‘ или ,Не‘; а секакво заколнување покрај ова е поттикнато од Злиот.‘“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано вака: ,Око за око, заб за заб.‘ Јас, пак, ви велам: ,Не возвраќајте им на оние што ви прават зло! Ако некој те удри по едниот образ, сврти му го и другиот. Ако некој те тужи за да ти ја земе кошулата, дај му го и палтото. Ако некој те присили да му ги носиш торбите еден километар, ти носи му ги два километри. Кога некој ќе запроси нешто од тебе дај му; и не одбивај човек што бара да позајми нешто од тебе.‘“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано и ова: ,Сакај ги своите ближни, а мрази ги своите непријатели.‘ Јас, пак, ви велам: ,Покажувајте љубов и спрема своите непријатели и молете се за доброто на оние што ве прогонуваат; на тој начин вие ќе се однесувате како деца на вашиот небесен Татко, чие сонце изгрева и за лошите и за добрите. Тој им испраќа дожд и на праведните и на неправедните. Зашто, ако ги сакате само оние кои вас ве сакаат, тогаш, каква награда очекувате за тоа? Та, зар не го прават тоа и подмитливите собирачи на данок!? И ако сте љубезни само спрема своите ближни, тогаш, по што се разликувате од другите луѓе? Та, тоа го прават и паганите! Вие треба да се однесувате совршено исто како што се однесува вашиот небесен Татко!‘“ „Пазете се од искажување побожност и добрина со цел да се покажете пред луѓето, зашто тогаш не ќе имате награда од вашиот небесен Татко. А кога давате милостини, не трубете насекаде, како што тоа го прават лицемерите по синагогите и по улиците. Тие го прават тоа за да бидат пофалени од луѓето. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! А ти, кога ќе даваш милостини, твојата лева рака да не знае што дала десната; нека бидат дискретни твоите милостини, а твојот небесен Татко, Кој го гледа и тоа што е тајно, ќе те награди јавно.“ „А кога се молите, не постапувајте како лицемерите, кои сакаат да бидат забележани од другите кога се молат по синагогите и по плоштадите. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! А ти, кога ќе се молиш, влези во својата соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот невидлив небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно и ќе те награди јавно. Кога се молите, не редете празни зборови, како што тоа го прават оние што не Го познаваат Бога, мислејќи дека ќе бидат услишани поради својата речовитост. Не бидете како нив, зашто вашиот небесен Татко ги знае вашите потреби уште пред да Го молите за нив. Затоа, молете се вака: ,Татко наш, Кој си на небесата: нека се почитува Твоето Име! Нека дојде Твоето царство, нека се извршува Твојата волја овде на Земјата, како што се извршува на небото. Дај ни ја неопходната храна за денешниот ден. Прости ни ги нашите гревови, како што и ние веќе им простивме на оние што нам ни згрешија. Не оставај да им потклекнеме на искушенијата, но избави ни од Лукавиот‘. (Зашто Тебе Ти припаѓаат и Царството, и силата, и славата, за вечни векови, амин.) Зашто, доколку вие им ги простувате гревовите на другите, ќе ви ги прости и вам вашиот небесен Татко. Но, ако вие не им простувате на луѓето, ни вашиот небесен Татко нема вам да ви ги прости вашите гревови.“ „И кога постите, не бидете намуртени како лицемерите; тие си го изобличуваат лицето за да забележат луѓето дека постат. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! А ти, кога постиш, дотерај си ја косата и разведри си го лицето, за да не те познаат луѓето дека постиш; доволно е што знае твојот небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно, за што ќе те награди јавно. “ „Не напластувајте си богатство овде на Земјава, каде што молци и ’рѓа го уништуваат и крадци провалуваат и го крадат, туку напластувајте си богатство на небото, каде што ни молци ни ’рѓа го уништуваат, ниту пак крадци провалуваат и крадат. Зашто, каде што ви е богатството, таму ќе ви биде и срцето. Очите се светилка за телото; ако ти се здрави очите, целото тело ќе ти биде осветлено; ако, пак, очите не ти се добри, целото тело ќе ти биде затемнето. Значи, ако тоа што во тебе треба да е светлина, всушност е темнина, колку ли е црна темнината!? Никој не може да им служи на двајца господари: или едниот ќе го сака, а другиот ќе го мрази, или пак едниот ќе го почитува, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите и на Бога и на парите. Затоа, ви велам, да не ве мачат грижи за неопходната храна и облека кои ви се потребни за живот; зар животот не е повеќе од храна и облека за телото? Погледнете ги птиците во небесниот свод: тие ни сеат, ни жнеат, ниту пак резерви си напластуваат; па сепак, вашиот небесен Татко ги храни. Та зар за Бог вие не сте повредни од нив!? Можат ли сите ваши грижи, макар и за педа да ви го продолжат животот? И зошто се грижите за облекувањето? Погледнете како растат полските цвеќиња: тие не се трудат, ниту предат, па сепак, ви велам дека ни царот Соломон во својата најголема слава не беше накитен како еден полски цвет! А, кога Бог така ја облекува полската трева, која денес ја има, а веќе утре в оган се фрла, зар Тој нема и вас да ве облече? Колку мала вера имате! Затоа, да не ве мачат грижи за тоа што ќе јадете, што ќе пиете и во што ќе се облечете; тоа им е својствено на оние што не Го познаваат Бога, кои се јадосуваат поради овие работи. А вашиот небесен Татко знае дека тие работи ви се неопходни. Вие, пак, грижете се најнапред за Божјото царство и Неговата праведност, а си друго што ви е потребно, ќе ви биде дадено. Значи, не грижете се за утрешниот ден тој ќе се погрижи за себе. Доволно грижи има за денешниот ден!“ „Не осудувајте други, па и вие нема да бидете осудувани. Зашто, како што ќе судите вие, така и вам ќе ви биде судено; со каква мера ќе мерите, со таква и вам ќе ви се мери. Не гледај ја раската во окото на твојот ближен, туку гледај ја гредата во сопственото око! Како можеш да му кажеш на својот ближен: „Дај да ти ја извадам раската од окото“, кога ти не ја гледаш гредата во сопственото око!? Тоа е лицемерство! Отстрани си ја најнапред гредата од сопственото око, па ќе можеш добро да гледаш за да ја отстраниш раската од окото на твојот ближен!“ „Не давајте им го на пците тоа што е свето; не фрлајте бисери пред свињи, зашто тие ќе ги изгазат, а пците, пак, и врз вас ќе се нафрлат!“ „Молете и ќе добиете; барајте и ќе најдете; почукајте и ќе ви биде отворено, бидејќи, секој што моли ќе добие; оној што бара ќе најде; на оној што чука ќе му биде отворено. Има ли меѓу вас некој, кој на својот син би му дал камен, ако тој моли за леб? Или да му подаде змија, ако тој моли за риба!? Па, кога вие, коишто сте грешни, знаете да им давате добри подароци на своите деца колку повеќе и подобри нешта ќе добие од својот небесен Татко оној што ќе Го замоли!“ „Постапувајте со луѓето онака како што сакате тие да постапуваат со вас тоа е суштината на Мојсеевиот Закон и на она што го проповедаа пророците.“ „Влезот во Божјото царство е низ тесна врата, а мнозинството луѓе одат по широкиот и лесен пат кој води во пропаст! А мала е вратата и тесен е патот што водат во вечен живот, и мал број луѓе го наоѓаат.“ „Чувајте се од лажни пророци; тие доаѓаат кај вас во овча кожа, но однатре се грабливи волци. По нивните плодови ќе ги распознаете: трнот сигурно не раѓа грозје, ниту пак чичката раѓа смокви! Секое питомо дрво раѓа питоми плодови, а секое диво дрво раѓа диви плодови. Од питомото дрво не може да произлезе див плод, ниту пак од дивото дрво може да произлезе питом плод. А дрвјата кои не раѓаат питоми плодови се сечат и се горат! Така, значи, по нивните плодови ќе ги распознаете.“ „Во небесното царство нема да влезе секој човек што ми се обраќа со ,Господе, Господе‘, туку само оние кои го извршуваат она што од нив го бара Мојот небесен Татко. Кога ќе дојде Судниот ден, мнозина ќе ми велат: ,Господе, Господе! Ние во Твое име пророкувавме, во Твое име демони протерувавме и во Твое име чуда правевме!‘ Тогаш Јас ќе им речам: ,Никогаш не Сум ве познавал! Тргнете се од Мене вие кои ги кршевте Божјите закони!‘“ „Секој што ги слуша Моите зборови и ги извршува е мудар и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз камена подлога; кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа нема да се урне, бидејќи е изградена врз камена подлога. А секој што ги слуша Моите зборови, а не ги извршува е глупав и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз песок; кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа ќе се урне со стравотен тресок!“ Кога Исус го заврши својот говор, народот беше восхитен од начинот на кој Тој го поучуваше, зашто, за разлика од вероучителите, Тој го поучуваше со вистински авторитет. Кога Исус слезе од ридот, голема толпа народ одеше по Него. Тогаш, еден човек заболен од лепра Му се приближи, клекна на колена и рече: „Господе, ако сакаш, Ти можеш да ме исцелиш!“ Исус ја испружи својата рака, го допре и му рече: „Сакам, оздрави!“ Во истиот миг, човекот беше излекуван од лепрата. Тогаш, Исус му рече: „Не кажувај никому, туку оди веднаш на преглед кај свештеникот, а потоа принеси дар како што е пропишано според Мојсеевиот Закон, за да се увери јавноста.“ Кога Исус влезе во градот Кафарнаум, го пресретна еден римски офицер и почна да го моли, со следниве зборови: „Господе, мојот слуга лежи дома парализиран и со силни болки.“ Исус му одговори: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“ Но офицерот Му рече: „Господе, јас не сум достоен Ти да влезеш во мојот дом! Туку, кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави. Зашто, и самиот имам свои претпоставени, а имам и власт да им заповедам на војниците; на еден ќе му речам ,Оди!‘ и тој оди; на друг ќе му речам ,Дојди!‘ и тој доаѓа. И на мојот слуга ќе му речам: ,Направи го тоа!‘ и тој го извршува.“ Кога го чу ова, Исус се одушеви и им рече на оние што одеа по Него: „Навистина, кај никого во Израел не видов олку голема вера! И ви велам: мнозина ќе дојдат и од исток и од запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, со Исак и со Јаков во небесното царство! А многу од Израелците, кои би требало да се наследници на тоа царство, ќе бидат исфрлени во најцрна темнина, каде што ќе пискаат и ќе крцкаат со заби.“ Потоа, Исус му се обрати на римскиот офицер: „Оди си и нека ти биде според твојата вера!“ Во истиот миг оздраве слугата на офицерот. Потоа Исус отиде во куќата на Својот ученик Петар и таму ја најде тештата на Петар која лежеше болна, со треска. Тој ђ ја допре раката и треската ђ помина; таа веднаш стана и Го послужи. Вечерта, кај Исус доведуваа голем број луѓе обземени со демонски духови, а Тој само со збор ги истеруваше демоните и ги исцелуваше сите болни. Со тоа се исполнуваше претскажаното од пророкот Исаија: „Тој ни исцели од нашите болки и ни оздраве од нашите болести“ Забележувајќи голем број луѓе околу Себе, Исус им заповеда на Своите ученици да отпловат од спротивната страна на езерото. Тогаш еден вероучител дојде кај Него и му рече: „Учителе, готов сум да Те следам насекаде!“ А Исус му одговори: „Лисиците си имаат дувла, птиците гнезда, но Јас, Синот Човечки, немам Свое место за почивање!“ Еден од Неговите ученици Му рече: „Господе, дозволи ми најпрво да одам и да го погребам татко ми.“ Но Исус Му одговори: „Ти остани со Мене, а погребувањето на мртвите препушти им го на оние кои се духовно мртви.“ Потоа Исус се качи на бротчето, а Му се придружија и Неговите ученици на пловидба кон другиот брег. Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне под удар на моќните бранови. А Исус беше заспал. Учениците дојдоа да Го разбудат, викајќи: „Господе, спасувај, гинеме!“ А Тој им рече: „Што сте се исплашиле? Колку ви е мала верата!“ Потоа стана и им заповеда на ветрот и на брановите да запрат; и настапи длабока тишина. Учениците останаа вчудовидени и шепотеа: „Кој е овој човек, Кому и ветровите и брановите Му се покоруваат!?“ Исус пристигна во пределите на Гадара, од спротивната страна на езерото. Таму го пресретнаа двајца обземени со демонски духови, кои излегуваа откај гробните пештери; тие беа толку опасни, што никој не се осмелуваше да минува оттаму. Одеднаш, тие започнаа да викаат по Исус: „Што бараш кај нас, Сине Божји? Зар Си дошол предвреме да ни казниш?“ Во близина пасеше едно големо крдо свињи, и демоните почнаа да Го молат Исуса: „Ако ни бркаш, дозволи ни да влеземе во свињите.“ И Тој им дозволи, а тие, излегувајќи од обземените луѓе, влегоа во свињите. Наеднаш, целото крдо свињи јурна низ стрмнината право во езерото и се удави во водата. А свињарите, бегајќи, отидоа во градот и им раскажаа на тамошните жители за си што се случи со обземените. Тогаш целиот град се упати кон Исус, и штом Го видоа, Го молеа да си оди од нивниот крај. Качувајќи се на бротчето, Исус одново отплови преку езерото и се врати во својот град Кафарнаум. Таму луѓето Му донесоа на носила еден парализиран човек. Кога Исус ја виде нивната вера, му се обрати на парализираниот: „Не плаши се, синко, гревовите ти се простуваат!“ Тогаш, некои вероучители си помислија во себе: „Овој човек е богохулник!“ Исус, пак, проѕирајќи им ги мислите, рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли? Што е полесно да се каже: ,Гревовите ти се простуваат‘ или ,Стани и оди!‘? Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјата да простувам гревови!“ Тогаш му се обрати на парализираниот и му рече: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ Човекот стана и оздравен си отиде дома. Кога го виде ова, народот го обзеде страв, па Му оддаде слава на Бога, што им пратил човек со ваква моќ. Заминувајќи си оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи на тезгата за собирање данок и му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Матеј стана и тргна по Него. Подоцна, за време на вечерата во куќата на Матеј, на Исус и на Неговите ученици на трпезата им се придружија голем број наплатувачи на данок и жигосани грешници. Го забележаа тоа некои од фарисеите и им приговорија на Исусовите ученици: „Зошто вашиот учител јаде со наплатувачи на данок и со грешници!?“ Исус ги чу, па им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните! Одете и научете се што значи напишаното во Светото Писмо: ,Сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви!‘ Јас не дојдов да ги повикам ,праведниците‘, туку грешниците.“ Еден ден, кај Исус дојдоа учениците на Јован Крстител и Го запрашаа: „Зошто ние и фарисеите често постиме, а Твоите ученици воопшто не постат?“ Исус им одговори: „Зар сватовите треба да тагуваат додека е со нив младоженецот? Но еден ден младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат.“ „Никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто новата крпа ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка. Ниту пак некој става ново вино во стари кожни мешини, зашто мешините ќе пукнат и виното ќе истече, а и мешините ќе пропаднат. Затоа, ново вино се става во нови мешини, па така и двете ќе се запазат.“ Додека Исус говореше, еден еврејски началник на синагогата дојде кај Него, клекна на колена и Му рече: „Тукушто ми умре ќерката; дојди и положи ја Својата рака врз неа и таа ќе се поврати во живот!“ Исус стана и тргна по него, заедно со Своите ученици. А една жена, која дванаесет години боледувала од незапирливо крвавење, Му се приближи на Исуса одзади и допре едно крајче од Неговата облека, бидејќи во себе си велеше: „Само да ја допрам Неговата облека и ќе оздравам!“ Исус се сврте, ја погледна и ђ рече: „Не плаши се, ќерко, ти оздраве врз основа на твојата вера.“ Во истиот миг, жената оздраве. Потоа, Исус пристигна во куќата на началникот. Кога ги виде погребните музичари и избезумените луѓе, им рече: „Тргнете се, зашто девојката не е мртва, туку спие!“ А тие Му се подбиваа. Кога луѓето излегоа надвор, Исус влезе, ја фати девојката за рака и таа стана. За ова чудо се разгласи по целиот крај. Кога Исус си заминуваше оттаму, по Него идеа двајца слепи, викајќи на сиот глас: „Смилувај ни се, сине Давидов!“ Кога влезе во куќата, двајцата слепи Му пристапија, а Исус ги запраша: „Верувате ли дека можам да ве излекувам и да прогледате?“ Тие Му одговорија: „Да, Господе!“ Тогаш Тој им ги допре очите и им рече: „Нека ви биде според вашата вера!“ И тие наеднаш прогледаа. А Исус најстрого им забрани никому да не му кажуваат за ова. Но кога тие си заминаа раширија глас за Него по целиот крај. Додека тие си заминуваа, на Исус Му донесоа еден нем човек, кој беше обземен од демонски дух. Штом Исус го ослободи од демонскиот дух, човекот проговори; сите се чудеа и зборуваа: „Вакво нешто досега не сме виделе во Израел!“ А фарисеите, пак, велеа: „Тој изгонува демони затоа што поглаварот на демоните е во Него!“ Исус одеше по сите градови и села и поучуваше по синагогите, ја проповедаше Радосната вест за Божјото царство и исцелуваше луѓе со секакви болести и заболувања. Гледајќи го народот, душата му беше полна со сочувство, бидејќи луѓето беа збунети и беспомошни како овци без пастир. Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а жетвари има малку. Молете Го Господ во Чија надлежност е жетвата, да испрати повеќе жетвари да ја соберат жетвата од Неговата нива.“ Исус ги повика Своите дванаесет ученици и им даде власт да истеруваат зли духови и да исцелуваат секаков вид болести и заболувања. Ова се имињата на дванаесетте апостоли: прв е Симон познат и како Петар и брат му Андреј; потоа следуваат: Јаков синот на Завдај, и брат му Јован; Филип и Бартоломеј; Тома и собирачот на данок Матеј; Јаков синот на Алфеј; Тадија, хананеецот Симон, и Јуда Искариот, кој подоцна Го предаде Исуса. Исус ги испрати овие дванаесетмина и им ги даде следниве упатства: „Не одете кај нееврејските народи и не влегувајте во градови на Самарија, туку, одете меѓу Израелците Божјите загубени овци. Одете и проповедајте им дека: ,небесното царство се приближува!‘ Исцелувајте болни, враќајте во живот умрени, исчистувајте лепрозни, изгонувајте демони. Правете го тоа бесплатно, како што и вам таа моќ ви беше дадена бесплатно. И не носете златни, сребрени или бакарни пари со себе; ни торби, ни два пара облека, ни сандали, ни стап, зашто на тој што работи ќе му ја дадат заслужената плата! Кога ќе пристигнете во некој град или село, распрашајте се кој е побожен и останете кај него до вашето заминување. При влегувањето во таа куќа, благословете ги домаќините со мир. И доколку тие бидат достојни, мирот навистина ќе им остане, а доколку не се покажат достојни, повлечете си го благословот за мир. Таму каде што нема да ве примат и нема да ве слушаат, напуштете ја таа куќа или град и притоа истресете го и правот од вашите нозе. Ве уверувам дека, на Судниот ден, полесно ќе им биде на градовите Содом и Гомора, отколку на тој град.“ „Еве, Јас ве испраќам вас како овци меѓу волци. Затоа, бидете мудри како змии, а во исто време и кротки како гулаби. Пазете се, зашто ќе има луѓе кои ќе ве предаваат на судови и ќе ве камшикуваат по синагогите. Поради вашата вера во Мене, ќе бидете приведувани на сослушување пред управители и владетели; тоа ќе биде сведоштво за нив и за светот. А кога ќе ве приведат на сослушување, не грижете се како и што ќе зборувате во своја одбрана; ќе ви бидат дадени вистинските зборови во вистинскиот час. Зашто, преку вас ќе зборува Духот на вашиот небесен Татко, а не самите вие. Понекогаш и брат брата ќе предава на смрт, и татко своето чедо; деца ќе се креваат против родители и ќе ги предаваат на смрт. Поради вашата вера во Моето име сите ќе ве замразат. Но, спасението е за оние што ќе издржат докрај! А штом почнат да ве прогонуваат од еден град, вие одете во друг. Ве уверувам дека нема да втасате да ја завршите работата по сите градови во Израел, додека да се вратам Јас, Синот Човечки. Ученикот не е поголем од учителот, слугата не е поголем од господарот. Ученикот ја споделува судбината на својот учител, а слугата на својот господар. Ако Мене, Стопанот на Божјата куќа Ме нарекоа „најголем ѓавол“, тогаш, колку повеќе ќе ви го прават тоа вам, кои сте Мое семејство!?“ „Меѓутоа, не плашете се од луѓето. Си што е сега скриено, ќе излезе на виделина и секоја тајна ќе биде јавно објавена. Тоа што ви го кажувам сега во темнина, разгласете го преку денот и она што ви е кажано со шепот, разгласувајте го гласно, од покривите на куќите! Не плашете се од оние што можат да го убијат само телото, а не можат да ја убијат душата; плашете се единствено од Бог, Кој има моќ да ги уништи и душата и телото во пеколот. Зар не се продаваат две врапчиња за една паричка? Па сепак, ниедно од нив не паѓа наземи, ако тоа не го дозволи вашиот небесен Татко. А вам и влакната на главата ви се броени! Затоа, не плашете се; вие сте многу поскапоцени од јата врапчиња!“ „Секој што ќе Ме признае Мене јавно пред луѓето, ќе го признаам и Јас јавно, пред Мојот небесен Татко. А секој што ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе се откажам и Јас од него, пред Мојот небесен Татко.“ „Немојте да мислите дека дојдов да воспоставам мир на Земјата! Не дојдов да донесам мир, туку меч! Зашто, Јас дојдов да противставам син против татко, ќерка против мајка и снаа против свекрва; на човекот ќе му произлезат непријатели од сопственото семејство!“ „Кој има поголема љубов спрема татка си или мајка си одошто спрема Мене, не е достоен да ми биде ученик; кој има поголема љубов спрема сина си или ќерка си одошто спрема Мене не е достоен да ми биде ученик. Секој што настојува грчовито да си го чува животот за себеси ќе го загуби; а оној што ќе го жртвува заради Мене пак ќе си го најде!“ „Кој ве угостува вас, Мене Ме угостува, а тој што Ме угостува Мене, Го угостува небесниот Татко што Ме има испратено. Секој што угостува божји пратеник затоа што е божји пратеник, ќе добие иста награда како и божјиот пратеник. И секој што угостува праведник затоа што е праведник, ќе добие иста награда како праведникот. Секој што ќе му даде макар само една чаша студена вода на еден од Моите најмали следбеници, затоа што е Мој следбеник, ве уверувам дека таквиот нема да остане без награда.“ Кога Исус им ги предаде овие упатства на Своите дванаесет ученици, си замина оттаму и отиде да поучува и проповеда по нивните градови. Кога Јован Крстител, кој беше во затвор, слушна за она што го прави Месијата, тој испрати двајца од своите ученици да Го прашаат: „Ти ли си Месијата што требаше да дојде, или некој друг да чекаме?“ Исус им одговори: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го слушате и гледате: слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исцелуваат, глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосната вест. Блазе си им на оние кои не се колебаат во однос на Мене!“ Додека тие си заминуваа, Исус почна да му зборува на народот за Јован Крстител: „Кога одевте во пустината, кај Јован, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот? Што излеговте да гледате: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати! Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви кажувам Јован е и повеќе од пророк! Јован е тој за којшто Бог во Светото Писмо вели: ,Еве, испраќам Свој гласник, кој ќе го подготви патот пред Тебе.‘ Ве уверувам дека, меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител; и покрај тоа, и најмалиот во небесното царство е поголем од него. Откако Јован Крстител започна да проповеда и да крштава, па си досега, има навала во небесното царство и во него со навала се влегува! Зашто, си до Јован, сите пророци, како и Книгите на Законот, него го претскажуваа. И ако сакате да знаете, Јован е оној „Илија“ што требаше да дојде. Кој има уши, нека слуша!“ „Со што да ја споредам оваа генерација? Овие луѓе се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите: ,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте; потоа ви запеавме таговни песни, но вие не заплакавте!‘ Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој не одеше на веселби да јаде и да пие, а тие велеа ,Демони има во него!‘ Потоа дојдов Јас, Синот Човечки, кој одам на веселби, јадам и пијам, а тие велат: ,Овој човек е лаком и пијаница, другар на наплатувачи на данок и на грешници!‘ Меѓутоа, Божјата мудрост се оправда со своите резултати.“ Тогаш Исус почна да ги укорува градовите во кои Тој направи голем број чуда, а тие сепак не се покајаа, не се обратија кон Бог. „Тешко тебе, Коразине! Тешко тебе Бетцаидо! Да беа во градовите Тир и Сидон направени чудата што беа извршени кај вас, тие одамна ќе се беа покајале, облекувајќи се во покајнички облеки и посипувајќи се со пепел! Но, ви велам, полесно ќе им биде на Судниот ден на Тир и на Сидон, отколку вам! А ти, граде Кафарнауме што сакаш до небото да се издигнеш! Ете, до адот ќе се струполиш! Да беа во Содом извршени чудата што ги виде ти, тој град до денес ќе постоеше. Но, ти велам, на Судниот ден ќе му биде полесно на градот Содом, отколку тебе!“ Во тој момент Исус рече: „Те славам, Татко, Господару на небото и на Земјата, што им го откриваш на скромните она што си го скрил од оние кои се сметаат себе за мудри и учени. Да, Татко, зашто така сакаше Ти.“ „Мојот Татко Ме има овластено Мене за си. Никој друг не Го познава Синот, освен Таткото, и никој друг не Го познава Таткото, освен Синот и оние на кои Синот сака да им Го објави.“ „Дојдете кај Мене сите вие кои сте изморени и натоварени со тешки бремиња, Јас ќе ве одморам! Земете го Мојот јарем на себе и дозволете Ми да ве научам, бидејќи Јас сум со нежен и кроток дух, и тогаш вашите души ќе се успокојат. Јаремот Мој е лесен, како што е лесен и товарот што ви го давам.“ Набргу потоа, во еден саботен ден, Исус минуваше преку нивите насадени со пченка. Неговите ученици беа гладни и почнаа да кинат клавчиња и да јадат. Кога го забележаа тоа фарисеите, Му рекоа на Исус: „Гледај, Твоите ученици го прават тоа што не е дозволено да се прави во сабота!“ А Исус им одговори: „Зар не сте читале што направија Давид и неговите луѓе кога огладнеа? Тогаш тој влезе во Божјиот Дом и тој и неговите луѓе јадеа од посветениот леб од кој никој не смееше да јаде, со исклучок на свештениците? Или, пак, зар не сте читале во Мојсеевиот Закон дека и самите свештеници кои се на должност во храмот во саботните денови, работат, значи ја прекршуваат саботата, па сепак не ги сметате за виновни? Но Јас ви велам: пред вас е Оној што е поголем од храмот! Да бевте разбрале што значат Божјите зборови: ,Од вас сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви‘, немаше да ги осудувате овие невини луѓе. Зашто Јас, Синот Човечки, сум Господар и на саботата.“ Заминувајќи си оттаму, Исус влезе во нивната синагога, каде што виде и еден човек со парализирана рака. Со намера да Го обвинат, фарисеите Го прашаа Исуса: „Смее ли да се исцелува во сабота?“ А Тој им одговори: „ Ако некој од вас има само една овца и таа му падне в јама во саботен ден, нема ли да посегне и да ја извади? А колку поскапоцен од овца е човекот! Според тоа, да се прави добро во сабота е во целосна согласност со Божјиот Закон.“ Тогаш му се обрати на човекот: „Испружи си ја раката!“ Тој ја испружи заболената рака и таа му стана здрава како и другата. А фарисеите излегоа и почнаа да подготвуваат заговор да Го убијат Исуса. Кога дозна за тоа, Исус си замина оттаму, следен од толпа народ. Тој ги исцелуваше сите болни меѓу нив, но не им дозволуваше да шират гласови за Него. Со тоа се исполнуваше она што го навести Бог преку пророкот Исаија: „Еве Го Мојот избран слуга, Мојот Љубимец, задоволството на Мојата душа! Нему ќе Му го дадам Мојот Дух, Тој ќе им ја објави Мојата правда на народите. Нема да се расправа, ниту пак ќе вика гласот нема да му одекнува по улиците. Нема да дотолчува ранета душа, што е како скршена трска, нема да ја угасне и најмалата надеж, макар таа да е како фитил што тлее, си додека правдата не победи. А сите народи ќе ја положат својата надеж во Неговото име.“ Тогаш доведоа кај Исус еден слеп и нем човек, кој беше обземен од демонски духови, и Тој го исцели, така што немиот прозборува и прогледа. Целиот народ беше вчудовиден и се прашуваше: „Да не е овој Месијата, Синот Давидов?“ Кога фарисеите разбраа за тоа, рекоа: „Тој изгонува демони бидејќи демонскиот поглавар Баалзибул е во Него!“ Знаејќи ги нивните мисли, Исус им рече: „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има внатрешни раздори; и ниеден град или дом во кој има неслога не може да опстане. Ако Сатаната го изгонува Сатаната, тогаш тој настапува против самиот себе; како може, тогаш, да му се одржува царството? Ако Јас изгонувам демони со помош на Баалзибул, тогаш, кажете ми, со чија помош вашите следбеници ги изгонуваат демоните? Затоа, тие ќе ви судат! Ако, пак, Јас изгонувам демони со помош на Божјиот Дух, тогаш тоа е знак дека Божјото царство ви пристигнало! Може ли некој да му упадне во куќата на силен човек и да му го ограби имотот, ако најпрво не го врзе силниот човек, за потоа да може да му ја ограби куќата? Кој не е со Мене, против Мене е; кој со Мене не собира тој растура! Ви велам: на луѓето ќе им биде простен секој грев и секоја навреда, но ако Го навредат Светиот Дух нема да им биде простено. И навредувањето против Мене, Синот Човечки ќе се прости, но навредувањето против Светиот Дух нема да се прости ни на овој свет ни на идниот.“ „Вие добро знаете дека питомото дрво раѓа питом плод, а дивото дрво раѓа див плод, зашто дрвото се распознава според плодот. Змиски рожби! Како може од вас да произлезат благородни зборови, кога сте зли!? Устата го зборува тоа што човек го има во срцето! Благороден човек изговара благородни зборови, бидејќи срцето му е благородна ризница, а лошиот човек изговара лоши зборови, бидејќи срцето му е зла ризница. Ве предупредувам дека за секој непромислен збор што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на Судниот ден! Твоите сопствени зборови или ќе те оправдаат, или ќе те осудат.“ Тогаш некои вероучители и некои фарисеи Му рекоа на Исус: „Учителе, сакаме од Тебе да видиме некој чудотворен знак!“ А Исус им одговори: „Само грешните и безбожни луѓе бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот на пророкот Јона: како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Јас, Синот Човечки, ќе минам три дни и три ноќи во срцето на Земјата. На Судниот ден, жителите на градот Нинева ќе станат и ќе ја осудат оваа генерација, зашто во тоа време кога Јона им проповедаше, тие се покајаа. А еве, пред вас стои Некој што е многу поголем од Јона а кај вас нема покајание! И кралицата од Шеба ќе стане на Судниот ден и ќе ја осуди оваа генерација, зашто таа дојде од далечна земја за да ја чуе мудроста на Соломон. А еве, пред вас стои Некој што е многу поголем од Соломон, а вие не Го слушате!“ „Кога еден зол дух ќе излезе од човекот, тој снови по запустени места во потрага по спокојство, кое не го наоѓа; тогаш, ќе си рече: ,Да си се вратам јас во моето претходно живеалиште!‘ При враќањето забележува дека местото е празно, чисто и уредно; па оди и доведува уште седум духови, полоши од себе, со кои се враќа и се населува таму, така што сега состојбата на човекот му е уште полоша од претходната! Тоа ќе ђ се случи и на оваа зла генерација!“ Исус си уште му говореше на народот, кога пристигнаа мајка Му и Неговите браќа. Тие чекаа надвор и сакаа да разговараат со Него. Тогаш некој Му рече на Исус: „Ене ги надвор мајка ти и Твоите браќа и сакаат да разговараат со Тебе.“ А Исус му одговори на оној што му го кажа тоа: „Која ми е мајка и кои ми се браќа?“ Па, покажувајќи со раката кон Своите ученици, рече: „Овие ми се и мајка и браќа! Секој што ја извршува волјата на Мојот небесен Татко ми е и брат и сестра и мајка.“ Истиот ден Исус излезе од куќата и седна на брегот на езерото. Околу Него се насобра голема толпа народ и Тој се искачи и седна на едно бротче, а народот остана да стои на брегот. И му говореше за многу нешта, користејќи се со споредби. „Еден сејач излезе да сее на својата нива. Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа. Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја, и тоа брзо никна бидејќи земјата беше плитка. Но штом запече сонцето, стебленцето свена и се исуши, бидејќи немаше доволно длабоки корени за да го одржат во живот. Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето го задушија стебленцето. Конечно, дел од семето падна на плодна почва и донесе плод: едно стебло роди сто, друго шеесет, а трето триесет зрна. Ако имате уши, слушајте внимателно!“ заклучи Исус. Тогаш на Исус Му пристапија Неговите ученици и Го запрашаа: „Зошто му зборуваш на народот преку споредби?“ А Тој им одговори: „Вам ви е дадено да ги запознавате тајните на небесното царство, но ним не им е. Зашто, на оној што е отворен за она што Јас го поучувам, ќе му биде дадено уште подлабоко разбирање; а на оној што не сака да Ме слуша, ќе му се земе и она што го има. Им зборувам преку споредби бидејќи тие, имајќи очи, не гледаат, и имајќи уши не слушаат, ниту пак се трудат да разберат. Кај нив се исполнува претскажаното од Бог преку пророкот Исаија, кој вели: ,Ќе го слушате Моето Слово, но нема да го разберете; ќе ги гледате Моите дела, но нема да ги сфатите. Зашто, срцата на овие луѓе им се закоравени! Со ушите одвај слушаат, а очите си ги затвораат. Не сакаат да видат, да слушнат и да разберат,па да се свртат кон Мене за да ги исцелам.‘ А блазе си ви вам, зашто вие гледате и слушате! Ви велам дека многу пророци и многу праведници имаа желба да го видат тоа што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат тоа што вие го слушате, но не го слушнаа.“ „Чујте го сега значењето на споредбата со сејачот. Тврдата почва покрај патот ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката за небесното царство, но не се трудат да ја разберат. Ѓаволот доаѓа и го отстранува посеаното кај нив. Каменестата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја примаат; меѓутоа, бидејќи таа во нив не се закоренува, тие остануваат верници само за кратко: штом надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш се откажуваат. Трнливата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака, но прекумерната грижа за овој живот, како и занесот по збогатување ја задушуваат пораката во нив и тие остануваат бесплодни. Плодната почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и се трудат да ја разберат. Тоа семе ќе донесе плод: некаде по сто, некаде по шеесет, а некаде по триесет зрна.“ Потоа Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со човек што посеал чисто пченично семе во својата нива. Но, додека луѓето спиеле, дошол неговиот непријател, посеал какол меѓу пченицата и си заминал. Кога посеаното порасна и заврза плод, се покажа и каколот. Дојдоа слугите кај домаќинот и му рекоа: ,Господару, зар ти не беше посеал чисто семе на твојата нива? Од каде сега се појави овој какол?‘ А тој им одговори: ,Тоа ми го направи непријателот!‘ Тогаш слугите му рекоа: ,Сакаш ли да појдеме и да го искорнеме каколот?‘ ,Немојте‘ им одговори тој ,зашто, корнејќи го каколот, со него ќе го искорнете и житото.‘ Оставете ги, нека растат заедно до жетвата. Тогаш ќе им наредам на жетварите: ,Издвојте го најнапред каколот, врзете го во снопови и изгорете го, а житото соберете го во Моите складови!‘“ Потоа, Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со синапово зрно што некој ќе го посее во својата нива. Иако тоа е најмало од сите семиња, кога ќе порасне, ги надвишува сите градинарски растенија и станува дрво на кое и птиците слетуваат и си свиваат гнезда на неговите гранки.“ Исус им кажа и ваква споредба: „Небесното царство може да се спореди со квасец што жената го замесува со три мери брашно, по што целото тесто нараснува!“ Исус се користеше со споредби за да му го објасни на народот сето ова и ништо не им говореше без споредби. Со тоа се исполнуваа Божјите зборови претскажани преку пророкот: „Ќе им говорам преку споредби, ќе им ги објавам тајните што беа скриени од создавањето на светот.“ Тогаш Исус го пушти народот да се разотиде, а Тој се врати дома. Таму Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Објасни ни ја споредбата за каколот на нивата.“ Исус им одговори: „Човекот што сее чисто семе сум Јас, Синот Човечки. Нивата го претставува светот. Чистото семе ги претставува следбениците на Божјото царство. Каколот ги претставува следбениците на Ѓаволот. Непријателот што го сее каколот е Ѓаволот. Жетвата е крајот на светот, а жетвари се ангелите. Како што каколот се собира и се фрла в оган, така ќе биде и на крајот на светот. Јас, Синот Човечки, ќе ги испратам Своите ангели да ги соберат сите оние кои поттикнуваат на грев и сите злосторници; тие ќе ги фрлат во огнена печка, каде што ќе има пискоти и крцкање со заби. Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонца во царството на Својот небесен Татко. Кој има уши, нека слуша!“ „Небесното царство може да се спореди со богатство скриено во нива. Човекот што ќе го пронајде повторно го закопува и сиот радосен оди и продава си што поседува и ја купува таа нива.“ „Понатаму, небесното царство може да се спореди со трговец што трага по најскапоцениот бисер; кога ќе го најде, тој оди и продава си што има и го купува.“ „Понатаму, небесното царство може да се спореди со голема рибарска мрежа што се фрла в море, при што зафаќа секаков вид риби. Кога мрежата ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот, седнуваат, и добрите риби ги издвојуваат во кошеви, а лошите ги фрлаат. Така ќе биде и на крајот на светот: ќе излезат ангелите, ќе ги издвојат грешниците од праведниците, и ќе ги фрлат во огнена печка, каде што ќе има пискоти и крцкање со заби.“ „Го разбравте ли сето ова?“ ги запраша Исус. „Да!“ Му одговорија тие. А Тој им рече: „Тогаш, секој вероучител којшто станал ученик на небесното царство може да се спореди со домаќин кој од своите ризници ќе може да извади и ново и старо.“ Штом Исус заврши со изложувањето на споредбите, си замина оттаму, и се врати во Назарет своето поранешно живеалиште, каде што го поучуваше народот по синагогите. Сите што Го слушаа се чудеа и говореа: „Каде се стекнал овој човек со олкава мудрост и моќ да прави чуда? Зар Тој не е синот на дрводелецот? Нели му е мајка Марија и нели му се браќа Јаков, Јосиф, Симон и Јуда? Нели се меѓу нас и сите Негови сестри? Каде ли се здобил овој човек со сето ова?“ Жителите на Назарет Го пречекаа со сомневања. Тогаш Исус им рече: „Пророкот останува без признание единствено во својот град и во своето семејство.“ И бидејќи Го дочекаа со недоверба, Тој не направи таму многу чуда. Во тоа време, вестите за Исус допреа и до Ирод царот на покраината Галилеја, кој им велеше на своите службеници: „Тоа мора да е Јован Крстител кој воскреснал од мртвите и затоа има моќ да прави вакви чуда!“ Бидејќи Ирод го беше уапсил Јована, и во пранги го беше фрлил в затвор, за да ђ удоволи на Иродијада жената на Филип, кој му беше брат на Ирод. Јован постојано му велеше на Ирод: „Ти немаш право да ја присвојуваш жената на брат ти!“ Ирод сакаше да го убие, но се плашеше од народот, зашто сите го сметаа Јован Крстител за пророк. Но, на роденденот на Ирод, ќерката на Иродијада танцуваше пред сите и толку му угоди на Ирод, што тој со заклетва ђ вети дека ќе ђ даде си што ќе побара. По совет на мајка си, таа му рече: „Донеси ми ја овде, на послужавник, главата на Јован Крстител!“ Царот зажали за своето ветување, но поради својата заклетва и поради гостите, тој заповеда желбата да ђ биде исполнета. Испрати луѓе кои во затворот му ја отсекоа главата на Јован, и ја донесоа на послужавник кај девојката, а таа ја однесе кај мајка си. Потоа дојдоа Јовановите ученици, го зедоа неговото тело и го погребаа, а потоа Му јавија и на Исус. Кога Исус слушна за погубувањето на Јован Крстител, си замина оттаму со бротче и дојде насамо на едно пусто место. Но народот од градовите дозна за тоа и се упати пеш дотаму. А Тој, излегувајќи од бротчето, виде голема толпа народ. Душата Му се исполни со сочувство и ги исцелуваше болните меѓу нив. На квечерина кај Исус дојдоа Неговите ученици и Му рекоа: „Доцна е веќе, а местово е пусто. Пушти ги луѓето да се вратат по селата и да си купат храна!“ А Исус им рече:„Нема потреба да одат; дајте им вие нешто да јадат.“ Тие Му одговорија: „Ние имаме овде само пет леба и две риби!“ „Донесете ми ги!“ им рече Исус. Тогаш им рече на луѓето да поседнат по тревата, а Тој ги зеде петте леба и двете риби, и со поглед кон небото ги благослови и ги раскрши. Потоа им ги даде на учениците, а тие им ги разделија на луѓето. Сите јадеа и се наситија, а собраа и дванаесет кошници полни со парчиња што преостанаа. Тие што јадеа беа на број околу пет илјади мажи, а имаше и жени и деца. Веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да се качат на бротче и да испловат пред Него кон спротивната страна на езерото, додека Тој не го отпушти народот. Штом го отпушти народот, Тој се искачи на гората да се моли насамо. Веќе беше ноќ, а Тој си уште беше таму сам. А бротчето се наоѓаше сред езеро, под удар на силни бранови, зашто дуваше силен ветар во спротивна насока. Некаде меѓу три и шест часот наутро Исус се упати кон нив, чекорејќи по водата. Кога Го забележаа како чекори по водата, учениците се исплашија и извикаа: „Ова е дух!“ И почнаа да пискаат. Но Исус веднаш им проговори и им рече: „Не плашете се, тоа сум Јас; смирете се!“ Во одговор, Петар Му рече: „Господе, ако си навистина Ти, направи да дојдам до Тебе газејќи врз водата!“ „Дојди!“ му рече Исус. Тогаш Петар се спушти од бродот и се упати кон Исус одејќи по водата. Но кога ги виде високите бранови, се исплаши и почна да пропаѓа во водата и да вика: „Господе, спасувај!“ Исус веднаш му подаде рака, го прифати и му рече: „ Колку малку вера имаш! Зошто се посомнева?“ Штом влегоа во бротчето, ветрот престана. Учениците кои беа во бродот паднаа ничкум пред Него и Му рекоа: „Ти Си навистина Божјиот Син!“ Кога допловија на другата страна дојдоа на Генисаретска земја. Таму луѓето ги препознаа и разгласија по целата околина, па Му ги доведуваа сите болни, кои Го молеа да им дозволи да се допрат барем до работ на Неговата облека; и секој што ќе се допреше, оздравуваше. Во тоа време од Ерусалим дојдоа кај Исус некои фарисеи и вероучители и Го запрашаа: „Зошто Твоите ученици не ги почитуваат нашите стари обичаи!? На пример, тие не го практикуваат ритуалното миење на рацете пред јадење!“ А Исус им одговори: „А зошто вие, со вашите обичаи, ги кршите Божјите заповеди!? На пример, Бог заповедал вака: ,Почитувај ги мајка си и татка си. Кој ќе проколне татко или мајка да се казни со смрт!‘ А вие велите: ,Доволно е само некој да рече дека имотот што го има му го посветува на Бога, и со тоа се ослободува од обврската да ги издржува своите родители!‘ На тој начин, со своите преданија вие ја укинавте Божјата заповед! Лицемери! Имаше право Бог кога преку пророкот Исаија за вас напиша: ,Овој народ со усните Ме почитува, но срцето му е далеку од Мене! Се залажуваат дека Ме почитуваат, а всушност ги шират своите човечки обичаи како да се Мои заповеди!‘“ Тогаш Исус го повика народот да Му се приближи и му рече: „ Слушајте и сфатете дека, не го погани човекот храната што ја внесува преку устата, туку она што го зборува и што го прави.“ По ова Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите се навредија од она што Ти го кажа?“ А Исус им одговори: „Секоја садница што не е насадена од Мојот небесен Татко, ќе биде искоренета! Оставете ги; тие се слепи водачи кои водат слепи луѓе; а кога слепец води слепец обајцата ќе паднат во јама!“ Петар проговори и праша: „Објасни ни што сакаше да кажеш со оваа споредба?“ Тој им одговори: „Зар и вие уште не сфаќате!? Не сфаќате ли дека си што се јаде преку устата минува низ стомакот и се исфрла надвор? А зборовите што се изговараат низ устата и делата што излегуваат од срцето можат да го опоганат човекот. Зашто, злите планови, убиствата, прељубите, блудствата, кражбите, лагите и пцостите произлегуваат од срцето на човекот. Тие работи го поганат човекот, а не непочитувањето на ритуалното миење на рацете!“ Заминувајќи од Галилеја, Исус се повлече на север, во пределот на градовите Тир и Сидон. Една жена, Хананејка, која живееше таму, дојде кај Него и наеднаш извика: „Имај милост спрема мене, Господе, Сине Давидов! Ќерка ми ја измачуваат демонски духови!“ Но Исус воопшто не ђ одговори. Тогаш Му пријдоа Неговите ученици и Го молеа: „Исполни ђ ја молбата, да не вика по нас!“ Но Исус им одговори: „Јас Сум пратен само кај Израелскиот народ, кај Божјите загубени овци“ А жената Му пријде и паѓајќи ничкум пред Него, Му рече: „Господе, помогни ми!“ Но Исус ђ одговори: „Не е право да се одземе лебот од децата и да им се фрли на кучињата!“ Тогаш, таа одговори: „Така е, Господине; но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари!“ На ова, Исус ђ одговори: „Голема вера имаш ти, жено! Нека ти се исполни желбата!“ Во истиот миг нејзината ќерка беше исцелена. Заминувајќи си оттаму, Исус се упати назад, кон брегот на Галилејското Езеро; таму се искачи на еден рид и седна. Надојде голема толпа народ, водејќи со себе куци, сакати, слепи, глувонеми и многу други болни, кои Му ги положуваа пред нозе, и Тој ги исцелуваше. Народот беше вчудовиден, гледајќи како неми прозборуваат, сакати оздравуваат, куци проодуваат и слепи прогледуваат. И Му оддаваа слава на Израеловиот Бог. Потоа, Исус ги повика кај Себе Своите ученици, и им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни се со Мене, а ништо не јале. Не би сакал да ги пуштам да си одат гладни, за да не изнемоштат по пат.“ А Неговите ученици Го прашаа: “Каде ќе најдеме доволно храна за толку народ, овде, во пустинава?“ Тој ги праша: „Колку леб имате?“ Тие Му рекоа: „Седум леба и неколку рипчиња.“ Тогаш Исус им заповеда на луѓето да испоседнат по земјата, па ги зеде седумте леба и рибите, Му се заблагодари на Бог и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците, а тие му ги разделуваа на народот. Сите јадеа и се наситија, а собраа и седум полни кошници со парчиња што преостанаа. А луѓето што јадеа беа на број четири илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата. Тогаш Исус го пушти народот да си оди, а Тој се качи на бротче и замина во пределот на Магадан. Еден ден кај Исус дојдоа некои од фарисеите и садукеите, со намера да Го искушаат, и побараа од Него да им покаже некој чудотворен знак од небото. Исус им одговори: „Кога небото е црвено на квечерина, вие велите: ,Времето ќе биде убаво!‘ Кога небото е црвено и заматено наутро, велите: ,Денес ќе има невреме!‘ Значи, изгледот на небото знаете да го протолкувате, а знаците на Моето време не умеете да ги препознаете! Само грешни и безбожни луѓе бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот на пророкот Јона!“ Потоа Тој ги остави и си замина. Подоцна, кога учениците на Исус се упатија кон спротивниот брег на езерото, беа заборавиле да понесат леб. А токму тогаш Исус им говореше: „Чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите!“ Учениците почнаа да си шепотат меѓу себе: „Ова го зборува затоа што заборавивме да понесеме леб!“ Исус, пак, знаејќи за што шепотат, им рече: „Зошто разговарате за лебот што сте го заборавиле? Колку малку вера имате! Зар уште не разбирате? Заборавивте ли веќе колку кошници ви преостанаа, кога со пет леба нахранив повеќе од пет илјади души? И колку кошници собравте од седумте леба со кои нахранив четири илјади души? Како не сфаќате дека не зборував за леб, кога ви реков: ,Чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите‘!?“ Дури тогаш сфатија дека не им вели да се чуваат од квасец за леб, туку од она што го проповедаат фарисеите и садукеите. Пристигнувајќи во околината на градот Цезареја Филипова, Исус ги запраша Своите ученици: „Што велат луѓето за Мене, Синот Човечки?“ А тие одговорија: „Едни велат дека Си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека Си пророкот Еремија или еден од пророците.“ „А за кого Ме сметате вие?“ ги праша Исус. Симон Петар прв се произнесе: „Ти Си Месијата Синот на живиот Бог!“ Тогаш Исус му рече: „Ти си благословен, Симоне, сине Јованов! Зашто ова сознание не ти е објавено од човек, туку од Мојот небесен Татко! Затоа Јас ти велам: ,Ти си Петар‘ (што значи ,карпа‘), и врз оваа карпа Јас ќе ја изградам Мојата Црква, така што ни адските порти не ќе можат да го запрат нејзиниот пробив! И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство: тоа што ќе го затвориш на Земјата ќе биде затворено и на небесата; а тоа што ќе го отвориш на Земјата, ќе биде отворено и на небесата.“ Потоа им заповеда на Своите ученици никому да не кажуваат дека Тој е Месијата. Оттогаш Исус почна отворено да им кажува на Своите ученици дека Тој ќе мора да оди во Ерусалим и дека таму ќе претрпи многу од старешините, од високото свештенство и од вероучителите, и дека ќе биде убиен, но по три дни ќе воскресне. Петар, пак, го тргна настрана и почна да го одвратува, велејќи: „Никако, Господе! Тоа не смее да се случи со Тебе!“ А Исус му се заврте и му рече: „Бегај од Мене, Сатано! Се обидуваш да Ми го попречиш патот; зашто тоа што го велиш е човечко размислување, а не Божјо!“ Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Тој што сака да стане Мој следбеник треба да се откаже од своите себични амбиции, да си го понесе својот крст и да тргне по Моите стапки. Зашто, секој што сака да си го чува животот само за себе ќе го загуби; а кој ќе го даде животот за Мене пак ќе си го најде. А каква ќе му биде ползата на човекот, ако и сиот свет го добие, а својата душа ја загуби!? Има ли нешто повредно од твојата душа? Кога Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во сета слава на Мојот небесен Татко, во придружба на светите ангели, тогаш ќе му платам на секого според неговите дела. Ве уверувам дека меѓу вас има некои кои нема да умрат додека не Ме видат Мене, Синот Човечки, како доаѓам во Своето царство!“ По шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар и браќата Јаков и Јован и ги поведе насамо на една висока планина. Таму Тој се преобрази пред нив: лицето Му болсна како Сонцето, а облеката му стана блескаво бела, како светлина. Наеднаш се појавија Мојсеј и пророкот Илија и разговараа со Исус. Тогаш Петар Му рече на Исус: „Господе, колку ни е убаво овде! Ако сакаш, да направиме овде три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ Додека тој зборуваше, блескав облак ги засени и се чу глас од облакот: „Ова е Мојот Син Мојот љубимец, со Кого наполно Сум задоволен; Него слушајте Го!“ Кога го слушнаа гласот, учениците многу се исплашија и паднаа ничкум. Исус им пријде, ги допре и им рече: „Станете и не плашете се!“ Кога тие ги кренаа своите погледи, Го видоа само Исус и никој друг. Додека слегуваа од планината, Исус им нареди: „Не кажувајте му никому за ова што го видовте, си додека Јас, Синот Човечки, не воскреснам од мртвите.“ Тогаш учениците Го прашаа: „Зошто вероучителите велат дека пред да дојде Месијата, повторно ќе се појави пророкот Илија?“ „Секако“ им одговори Исус. „Најпрво треба да дојде Илија и да подготви си. Но Јас ви кажувам дека Илија веќе дојде, а тие не го познаа и му го направија тоа што го сакаа. Така ќе мора да настрада од нив и Синот Човечки.“ Тогаш им стана јасно дека Исус им говореше за Јован Крстител. Кога се вратија меѓу народот, на Исус Му пријде еден човек, клекна на колена, и Му рече: „Господе, имај милост за син ми, зашто добива епилептични напади и многу се мачи; честопати паѓа де во оган де во вода. Го носев кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“ А Исус, во одговор рече: „О, тврдоглав и неверен народе! До кога ќе морам да останам со вас и да ве поднесувам? Донесете Ми го момчето!“ Потоа со заповед го избрка демонскиот дух од него и во истиот миг момчето оздраве. Подоцна Му пријдоа насамо Неговите ученици и Го прашаа: „Зошто не можевме ние да го избркаме демонскиот дух?“ „Бидејќи немате доволно вера“ им одговори Исус. „Зашто, ве уверувам, дека, кога би имале вера само колку едно синапово зрнце, би можеле да ђ речете на оваа планина: ,Премести се одовде таму!‘ и таа ќе се премести. И ништо не би ви било неможно.“ („Овој вид демон може да се изгони само ако претходно сте биле на молитва и пост.“) Еден ден, кога учениците се беа вратиле во Галилеја, Исус им рече: „Наскоро Јас, Синот Човечки, ќе бидам предаден во рацете на луѓето. Тие ќе Ме убијат, но на третиот ден ќе воскреснам.“ Ова многу ги ожалости учениците. Кога дојдоа во градот Кафарнаум, на Петар му пријдоа наплатувачите на данок за храмот и му рекоа: „Ќе плати ли вашиот Учител данок за храмот?“ „Секако!“ им одговори Петар. А кога Петар се врати дома, Исус го пресретна и го праша: „Што мислиш, Симоне, од кого наплатуваат данок земните цареви: од сопствените синови или од туѓите?“ „Од туѓите!“ одговори Петар. Тогаш Исус му рече: „Значи, синовите се ослободени од плаќање. Но, за да не ги соблазниме, појди до морето, фрли јадица и отвори ђ ја устата на првата риба што ќе ја фатиш; во неа ќе најдеш една пара што ќе биде доволна да платиш данок и за Мене и за себе.“ Во тоа време учениците дојдоа кај Исус и Го прашаа: „Кој од нас ќе биде најголем во небесното царство?“ Исус повика кај Себе едно детенце, го исправи пред нив и им рече: „Ве уверувам дека, доколку не се покаете и не станете како малите деца, нема ни да влезете во небесното царство! Најголем во небесното царство е оној што ќе се понизи и ќе биде како ова детенце. И кој ќе прими едно вакво детенце во Мое име, Мене ме прима.“ „Ако некој биде причинител за отстапување од верата во Мене на едно од овие најмаливе, подобро би му било да си стави воденички камен околу вратот и да се удави на дното од морето! Страшно е што на светот има причинители поради кои луѓе отпаѓаат од верата. Навистина, такви секогаш има, но тешко си му на оној преку кого причините за невера доаѓаат!“ „Ако твојата рака или нога те наведува на грев отсечи ја и фрли ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една рака или со една нога, отколку со двете да завршиш во вечниот оган! Или, ако твоето око те наведува на грев извади го и фрли го! Подобро е да влезеш во вечниот живот, макар и со едно око, отколку со две очи да бидеш фрлен во огнениот пекол!“ „Внимавајте да не потцените ниедно од овие најмалечкиве, зашто нивните ангели на небото се постојано со Мојот небесен Татко.“ (Зашто Синот Човечки дојде за да ги спаси оние што се загубени.) „Што мислите: ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте и да појде по ридот да ја бара загубената? Па кога ќе ја најде, сигурно ќе ђ се радува повеќе отколку на деведесет и деветте кои не се загубиле! Така ни вашиот небесен Татко не сака да се загуби ниедна душа, макар и од овие најмалечкиве.“ „Ако некој христијанин ти згреши, појди кај него и укажи му ја грешката насамо. Ако те послуша повторно си го придобил како свој ближен. Ако не те послуша, појди кај него со уште еден или двајца сведоци, за да биде утврдена секоја изјава пред двајца или тројца сведоци. Ако тој и нив не ги послуша, тогаш изнеси ја целата работа пред црквата. Доколку тој и црквата не ја послуша, тогаш однесувај се спрема него како спрема неверник или како спрема собирач на данок.“ „Зашто, ве уверувам, дека, она што ќе го врзете на Земјата ќе остане врзано и на небесата, и она што ќе го разврзете на Земјата ќе биде разврзано и на небесата. Исто така, ви го кажувам и ова: ако двајца од вас на Земјата сложно се молат за нешто, Мојот небесен Татко ќе им го исполни. Зашто, каде што двајца или тројца ќе се здружат под Моето име, и Јас сум таму, меѓу нив.“ Тогаш Петар Му пристапи на Исус и Го праша: „Ако еден од моите браќа повеќепати ми згреши, колкупати треба да му простувам? Седум пати ли?“ А Исус му одговори: „Не седумпати, туку седумдесет пати по седум! Ќе ви објаснам преку една споредба. Небесното царство може да се спореди со цар којшто решил да си ги расчисти сметките со своите слуги на кои им позајмил од своите пари. Кога почна да проверува, му доведоа еден што му должеше десет илјади таланти. Бидејќи слугата не можеше да си го плати долгот, господарот нареди да биде продаден како роб заедно со жената и децата и со си што поседуваа, па така да си го наплати долгот. Тогаш слугата падна ничкум пред царот и почна да го моли: „Стрпи се со мене и ќе ти го исплатам целиот долг!“ На царот му падна жал и го пушти, отпишувајќи му го долгот. Но кога овој слуга излезе, сретна еден од своите другари кој му должеше сто денарии, па го фати за гуша и почна да го дави, викајќи му: „Врати ми го долгот!“ Тогаш неговиот другар клекна и почна да го моли: „Стрпи се со мене и ќе ти го исплатам целиот долг!“ Но овој не сакаше, туку го фрли в затвор додека не му го врати долгот. Кога другите слуги видоа што се случи, многу се огорчија, па отидоа кај царот и му го кажаа сето ова. Тогаш царот го повика оној слуга и му рече: „Колку си лош! Кога ти ме молеше, јас ти го простив целиот долг. Не требаше ли да му се смилуваш на твојот другар како што јас ти се смилував!?“ Царот беше толку лут, што го фрли овој слуга в затвор, додека не му го врати целиот долг. Така ќе постапи со вас и Мојот небесен Татко, доколку од срце не си простувате едни на други.“ Откако го доврши ова излагање, Исус си замина од Галилеја и дојде на јудејска територија, од спротивната страна на реката Јордан. Голема толпа народ одеше по Него и Тој ги исцелуваше болните. Некои од фарисеите Му пријдоа на Исус и, сакајќи да Му постават замка, го прашаа: „Дали е во согласност со верскиот Закон мажот да има право да се разведе од својата жена за каква и да е причина?“ Исус им одговори: „Зар не сте читале во Светото Писмо дека на почетокот Творецот создаде маж и жена, и дека тогаш Тој рече: ,При стапување во брак, човекот ќе се одвои од својот татко и од својата мајка и ќе се присоедини кон својата жена и двајцата ќе станат едно тело?‘ Според тоа, тие не се повеќе двајца, туку еден. Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак!“ На ова, тие Го прашаа: „Тогаш, зошто Мојсеј издаде уредба според која мажот може да ја отпушти својата жена ако ђ даде потврда за развод?“ А Исус им одговори: „Мојсеј ви дозволи да се разведувате од вашите жени бидејќи вие сте луѓе со закоравени срца. Но, на почетокот не беше така. Затоа ви велам дека секој човек што ќе се разведе од својата жена, освен по основа на брачно неверство, извршува прељуба доколку се ожени со друга; и тој што ќе се ожени со распуштеница, исто така, врши прељуба.“ Неговите ученици Му рекоа: „Ако е таква обврската меѓу мажот и жената, тогаш подобро е човек да не се жени!“ А Исус им рече: „Тоа можат да го прифатат само оние што Бог ги оспособил да живеат сами. Зашто, има разни причини поради кои некои луѓе не се женат: едни се по природа евнуси, други се направени евнуси од луѓе, а трети се откажуваат од стапување во брак за да се посветат на работа за небесното царство. Кој може да го прифати ова учење нека го прифати.“ Некои луѓе ги носеа своите дечиња кај Исус за да ги положи рацете над нив и да се моли за нив. Учениците, пак, ги одвраќаа, на што Исус им рече: „Пуштете ги децата да дојдат кај Мене, и не одвраќајте ги, зашто небесното царство им припаѓа на таквите како нив!“ Откако Исус ги положи рацете врз нив и ги благослови, си замина оттаму. Еднаш, кај Исус дојде еден млад човек и го праша: „Добар Учителе, какви добри дела треба да направам за да се здобијам со вечен живот?“ А Исус му одговори: „Зошто ме прашуваш во врска со доброто? Има само Еден што е добар а тоа е Бог. Ако сакаш да добиеш вечен живот, придржувај се кон Божјите заповеди.“ „Кои заповеди?“ го праша човекот, на што Исус му одговори: „Не убивај, не врши прељуба, не кради, не обвинувај лажно; почитувај ги татка си и мајка си и сакај ги своите ближни како себеси.“ Во одговор, младиот човек рече: „Кон сето тоа се придржував; што треба уште да направам?“ Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, тогаш оди и продај си што имаш и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе имаш богатство на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“ Кога го чу ова, младиот човек си замина разочаран, бидејќи поседуваше голем имот. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Навистина, на богатите ќе им биде многу тешко да влезат во небесното царство. Ве уверувам дека полесно камила ќе се спровре низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во небесното царство!“ Слушајќи го ова, учениците се зачудија и Го прашаа: „Тогаш, кој може да се спаси!?“ Исус го впери погледот во нив и им рече: „За луѓето е невозможно, но за Бог нема ништо невозможно!“ Тогаш Петар проговори и Му рече на Исус: „Ете, ние оставивме си и станавме Твои следбеници. Што ќе добиеме за возврат?“ Исус им рече: „Ве уверувам вас, коишто станавте Мои следбеници, дека во новиот свет, кога Јас, Синот Човечки, ќе седнам на Својот славен престол, вие ќе седнете на дванаесет престоли и ќе владеете над дванаесетте Израелски племиња. А секој од вас што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви заради Мене ќе добие стопати повеќе, а ќе наследи и вечен живот. Но мнозина кои сега се први, ќе бидат последни, а мнозина кои сега се последни, ќе бидат први.“ „Небесното царство може да се опише со ваква споредба: Еден домаќин излезе рано наутро да повика наемни работници за своето лозје. Се погоди со нив да им плати по една надница и ги испрати на лозјето. Околу девет часот наутро, тој повторно отиде на пазарот и виде и други луѓе кои чекаа за работа, па им рече: ,Одете и вие на моето лозје, а јас ќе ви платам колку што ви следува.‘ И тие отидоа. Потоа го направи истото околу дванаесет часот, и уште еднаш околу петнаесет часот. Кога излезе околу седумнаесет часот, виде и други луѓе како стојат, па им се обрати: ,Зошто безделничите овде цел ден?‘ ,Никој не ни понуди работа‘ му одговорија тие. Тогаш и ним им рече: ,Одете и вие на моето лозје!‘ Кога се стемни, господарот му рече на својот надзорник: ,Повикај ги работниците и исплати им по една надница на сите, почнувајќи од последните, па до првите.‘ И така, оние што дојдоа на нивата во седумнаесет часот добија по една надница. Кога дојдоа на ред првите мислеа дека ќе добијат повеќе, но и тие добија по една надница. Штом ги примија парите, тие почнаа да мрморат против господарот, велејќи: ,Овие последниве работеа само еден час, а ти ги израмни со нас, кои се мачевме цел ден на жегата!‘ Обраќајќи му се на еден од нив, тој му рече: ,Пријателе, јас тебе не те оштетив. Зар не се погодивме за надницата? Земи си ја и оди си! А јас сакам да му платам на последниот колку и тебе; зар немам право да правам што сакам со своите пари? Или, пак, окото ти е завидливо затоа што сум дарежлив!?‘“ И така, тие што сега се последни, тогаш ќе бидат први, а тие што сега се први, тогаш ќе бидат последни“ заклучи Исус. Одејќи кон Ерусалим, Исус ги тргна настрана дванаесеттемина и додека чекореа по патот, им рече: „Еве, на пат сме кон Ерусалим; таму Јас, Синот Човечки, ќе им бидам предаден на свештеничките поглавари и на вероучителите. Тие ќе Ме осудат на смрт и ќе Ме предадат на Римјаните да Ми се подбиваат, да Ме камшикуваат и да Ме распнат. Но на третиот ден Јас ќе воскреснам.“ Тогаш кај Исус дојде мајката на Завдаевите синови, заедно со своите двајца синови, Јаков и Јован, клекна пред Него и Го замоли за една услуга. „Што сакаш?“ ја праша Исус. „Дај им на моиве два сина почесни места од Твојата десна и лева страна во Твоето царство“ Му рече таа. Исус им се обрати на двајцата нејзини синови и им рече: „Не знаете што барате. Ќе можете ли да пиете од чашата на Моите страдања, од која Јас ќе пијам?“ А тие Му одговорија: „Ќе можеме!“ „Добро, и вие ќе пиете од Мојата чаша им одоговори Исус но Јас не можам да одредам кој ќе седи од Мојата десна страна, а кој од левата. Тие места им припаѓаат на оние за кои ги определил Мојот небесен Татко.“ Кога преостанатите десет ученици разбраа за ова, им се налутија на двајцата браќа. Тогаш Исус ги повика кај Себе сите заедно и им рече: „Знаете дека владетелите на овој свет владеат сурово над луѓето. Но, меѓу вас не треба да биде така. Напротив, ако некој сака да биде водач меѓу вас нека им служи на сите. Тој што сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга како што Јас, Синот Човечки, не дојдов за да Ми служат, туку Јас да им служам на луѓето и да го дадам Својот живот како откупнина за мнозина.“ На излегување од градот Јерихо, голема толпа народ врвеше по Исус и Неговите ученици. Покрај патот седеа двајца слепи и штом слушнаа дека Исус минува оттаму почнаа да викаат на сиот глас: „Господе, Сине Давидов, покажи милост спрема нас!“ Народот се обидуваше да ги замолкне, но тие уште погласно викаа: „Господе, Сине Давидов, покажи милост спрема нас!“ Исус застана, ги повика кај Себе и ги праша: „Што сакате да сторам за вас?“ „Да прогледаме, Господе!“ му одговорија тие. Исус се сожали и им ги допре очите и тие наеднаш прогледаа и тргнаа по Него. Пристигнувајќи во близина на Ерусалим, дојдоа во градот Бетфага, на Маслиновата Гора, од каде што Исус испрати двајца од Своите ученици, порачувајќи им вака: „Отидете во селото пред вас; таму веднаш ќе најдете врзана магарица со нејзиното младо магаренце. Одврзете ги и доведете Ми ги овде. Ако некој нешто ви приговори, кажете му дека му се потребни на Господарот и тој веднаш ќе ги пушти.“ Ова се случуваше за да се исполни претскажаното од пророкот Захарија: „Порачајте му на Ерусалим: Еве Го, иде Твојот цар, понизно јавајќи на магарица и на магаренце -рожбата на магарицата.“ Учениците отидоа и го извршија она што им го беше заповедал Исус: ги доведоа магарицата и младото магаренце, ги ставија врз нив своите облеки и Исус седна на нив. Голем број луѓе ги постилаа своите облеки по патот; други кршеа гранчиња од дрвјата и ги постилаа на патот. А народот што врвеше пред Исус, како и оние што одеа по Него, воскликнуваа, извикувајќи: „Спаси ни сега, Давидов Сине! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! Спаси ни сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“ Кога Исус влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи и почна да прашува: „Кој е Овој?“ А народот одговараше: „Овој е пророкот Исус од градот Назарет, во покраината Галилеја!“ Исус влезе во Божјиот храм и ги истера сите кои купуваа и продаваа во храмот. Им ги преврте масите на менувачите на пари и тезгите на продавачите на гулаби, и им рече: „Во Светото Писмо пишува дека Бог рекол: ,Мојот храм нека биде место за молитва.‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“ Во храмот Му доаѓаа на Исус слепи и сакати и Тој ги исцелуваше. Но свештеничките поглавари и вероучителите се разгневија кога ги видоа чудата што Исус ги правеше и радосните извици на децата во храмот кои извикуваа: „Спаси ни сега, Давидов Сине!“ И Му рекоа: „Слушаш ли што извикуваат децата!?“ А Исус им одговори: „Да! Зар во Псалмите не сте го читале ова: ,Усните на малите деца и на доенчињата ќе Ти оддаваат слава, Господе!?‘“ Тогаш Исус ги остави и излегувајќи од градот дојде во Бетанија, каде што и ноќеваше. Рано утредента, на враќањето во Ерусалим, Исус огладне. Забележувајќи една смоква покрај патот, се доближи, но бидејќи на неа најде само лисје, ја проколна, велејќи: „Род да нема на тебе довека!“ И смоквата веднаш се исуши. Вчудовидени од оваа глетка, учениците Го прашаа: „Како можеше смоквата наеднаш да се исуши?“ А Исус им одговори: „Ве уверувам дека, доколку имате вера и не се сомневате, не само што ќе можете да го правите тоа што ђ се случи на смоквата, туку, ако и на оваа планина ђ речете: ,Подигни се и фрли се в море!‘ тоа ќе се случи! Ако верувате, ќе добиете си што ќе побарате преку молитва.“ Кога Исус дојде во храмот и почна да поучува, Му пристапија свештеничките поглавари и народните старешини и Го прашаа: „Со какво право го правиш ова? Кој те овластил?“ Одговарајќи на ова, Исус им рече: „И Јас ќе ве прашам нешто, па ако ми одговорите ќе ви кажам и Јас со какво право го правам ова. Од каде го доби Јован Крстител правото да крштава: од Бога или од луѓето?“ Тие почнаа меѓу себе да си шепотат: „Ако кажеме дека го доби од Бога, ќе ни рече: ,Тогаш, зошто не му поверувавте?‘ Ако пак кажеме дека го доби од луѓето, се плашиме од народот, зашто сите го сметаа Јована за пророк.“ Затоа, тие Му одговорија: „Не знаеме!“ Тогаш Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам кој Ми го даде правото да го правам ова што го правам!“ Потоа Исус им рече: „Што мислите за ова што ќе ви го кажам: еден човек имаше два сина. Отиде кај постариот и му рече: ,Синко, ајде појди на лозјето и работи денес таму.‘ Тој му одговори: ,Не сакам!‘ Но подоцна се премисли и отиде. Таткото отиде и кај помладиот син и му го кажа истото, на што овој рече: ,Ќе одам, господине‘, но не отиде. Кој од двајцата ја изврши татковата волја?“ Тие Му одговорија: „Постариот!“ Тогаш Исус им рече: „Ве уверувам дека собирачите на данок и блудниците попрвин ќе доспеат во небесното царство отколку вие! Бидејќи, Јован Крстител дојде кај вас за да ви го покаже патот на праведноста, но вие не му верувавте, додека собирачите на данок и блудниците му веруваа. Дури ни откако го видовте тоа, вие не се покајавте и не му поверувавте.“ Исус продолжи да им зборува на свештеничките поглавари и на народните старешини: „Слушнете ја и оваа приказна. Си беше еднаш еден домаќин, кој насади лозје, го огради со плот, ископа јама за гмечење на грозјето и изгради чуварска кула. Потоа им го даде лозјето под наем на лозарите, а тој замина на пат. Кога дојде време за гроздобер, тој ги испрати своите слуги кај лозарите, за да му го донесат делот од бербата што му припаѓа како надомест. Но лозарите ги фатија слугите и едни претепаа, други убија, а некои каменуваа. Тогаш сопственикот повторно испрати слуги, овојпат во поголем број, но и со нив постапија на ист начин. Најпосле, сопственикот го испрати својот син, велејќи: ,Белки ќе имаат почит спрема син ми!‘ Но кога лозарите го видоа синот, си рекоа: ,Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘ Го зграпчија, го исфрлија од лозјето и го убија. Што мислите, како ќе постапи со нив сопственикот на лозјето кога ќе дојде?“ ги запраша Исус. А тие Му одговорија: „Сигурно ќе ги погуби тие злосторници, а лозјето ќе им го даде под наем на други лозари, кои навреме ќе му го даваат плодот што му припаѓа.“ Исус им рече: „Зар не сте читале што вели Светото Писмо: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија, стана каментемелник. Тоа го направи Господ, како прекрасна глетка пред нашите очи!‘“ „Затоа“ им рече Исус „од вас ќе се одземе Божјото царство и ќе им се даде на луѓе кои донесуваат достоен плод.“ („Кој ќе падне врз тој камен ќе се распарчи, а врз кого ќе падне тој камен ќе го згмечи!“) Слушајќи ги Исусовите споредби, свештеничките поглавари и фарисеите сфатија дека се однесуваат на нив. Затоа, тие сакаа да Го уапсат, но се плашеа од народот, кој Го сметаше Исуса за пророк. Продолжувајќи да им зборува преку споредби, Исус им рече: „Небесното царство може да се спореди со цар кој приредува свадба за својот син. Ги испраќа своите слуги да ги повикаат поканетите на свадбата, но овие не сакаат да дојдат. Повторно испраќа други слуги да им порачаат на поканетите: ,Гозбата е приготвена, јунците и телињата се заклани, си е готово, повелете на свадбата!‘ Меѓутоа, поканетите не сакаат да чујат, туку си заминуваат, кој на нива, кој на пазар. Некои од нив дури ги тепаат слугите и ги убиваат. Тогаш царот се налутува и испраќа војска да ги погуби убијците и да им го запали градот. Потоа ги повикува своите слуги и им вели: ,Гозбата е приготвена, но поканетите не се покажаа достојни. Тргнете сега по раскрсниците и поканете го на свадбата секого што ќе го сретнете.‘ Така, слугите одат и ги доведуваат сите што ќе ги најдат, и добри и лоши. И свадбената сала се наполнува со гости. Тогаш влегува и царот да се сретне со гостите. Забележува еден човек кој не носи свечена облека и го прашува: ,Пријателе, зошто си дошол овде без свечена облека?‘ А тој молчи. Тогаш царот им заповеда на слугите: ,Врзете му ги нозете и рацете и фрлете го во најдлабоката темница. Таму ќе има лелекање и чкрипење со заби!‘ Зашто, иако мнозина се поканети, малцина се избрани“ заклучи Исус. Тогаш фарисеите се повлекоа и почнаа да се договараат како да го уловат Исус да каже нешто за што ќе можат да Го обвинат. Испратија кај Него некои од своите ученици и од приврзаниците на Ирод, да Го прашаат: „Учителе, познато ни е дека Ти си справедлив и дека секогаш ја зборуваш вистината за Божјиот пат, без оглед на тоа што ќе мислат луѓето, зашто не гледаш кој е кој. Кажи ни, тогаш, според Тебе, право ли е да му плаќаме данок на римскиот император или не?“ А Исус, знаејќи ја нивната подмолна намера, им рече: „Лицемери едни! Зошто сакате да Ми поставите стапица? Покажете ми една римска пара со која плаќате данок!“ Тие му подадоа една пара, а Тој ги праша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“ „На императорот!“ му одговорија тие. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“ Тие останаа вчудовидени од ваквиот одговор, па Го оставија и си заминаа. Истиот ден кај Исус дојдоа некои садукеи, кои тврдеа дека не постои воскресение од мртвите. Тие Му се обратија вака: „Учителе! Мојсеј рекол дека, доколку некој маж умре без да остави пород, неговиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат. Кај нас живееја седум браќа. Најстариот умре без пород и му ја остави жена си на својот брат. Но истото се случи и со вториот и со третиот, си до седмиот. Најпосле умре и жената. Чија ќе биде жената на денот на воскресението, кога таа била мажена за сите седуммина?“ „Вие сте во заблуда“ им рече Исус „бидејќи не ги познавате ниту Светото Писмо ниту Божјата сила! Зашто, кога луѓето ќе воскреснат, тие нема да бидат ни женети ни мажени, туку ќе бидат како ангелите на небото. А што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте го прочитале тоа што ви го вели Бог: ,Јас Сум Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков!‘ Значи, тие се живи, а не мртви, зашто Тој не е Бог на мртвите, туку на живите!“ Слушајќи го ова излагање на Исус, народот беше воодушевен. Кога фарисеите разбраа дека Исус ги замолкнал садукеите, се собраа заедно, и еден од нив, кој беше вероучител, сакајќи да Му постави стапица, Го праша: „Учителе! Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“ Исус му одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето срце, со сета душа и со сиот разум“. Тоа е првата и наедно најважната заповед. А втората е слична на првата, и гласи: „Сакај го својот ближен како самиот себе!“ Основата на целиот Божји Закон и целото учење на пророците, се овие две заповеди. Кога се насобраа поголем број фарисеи, Исус ги запраша: „Што мислите, чиј потомок е Месијата?“ Тие Му одговорија: „Давидов!“ А Исус им рече: „Како тогаш Давид, поттикнат од Божјиот Дух, го нарече Месијата ,Господ‘, кога рече: ,Му рече Јахве на Мојот Господ: седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!‘ Значи, ако Давид го нарече Месијата ,Господ‘, како може, тогаш, Тој да му биде потомок?“ На ова никој не можеше да Му одговори ни збор на Исус и од тој ден никој повеќе не се осмелуваше да Му поставува прашања. Потоа Исус им се обрати на луѓето и на Своите ученици: „Вероучителите и фарисеите се овластени да ве поучуваат од Мојсеевиот Закон. Затоа, извршувајте го и слушајте го она што тие го проповедаат; но не угледувајте се на нив, бидејќи тие не го практикуваат тоа што го проповедаат. Тие им товарат на луѓето тешки товари кои одвај можат да се носат, а самите ни со прст не помагаат. Си што прават тие, го прават за да се покажат пред луѓето: со себе носат дебели молитвеници, си пришиваат долги реси на своите мантии, ги сакаат почесните места на гозбите и челните места по храмовите; сакаат да бидат поздравувани на јавни места и нарекувани со почесни титули. А вие немојте да се нарекувате со почесни титули, бидејќи само Еден е Тој што заслужува почесна титула, а сите вие сте браќа. И на никого на Земјава не обрнувајте му се со „Оче“, зашто имате само еден Отец, а тоа е Бог на небото. Не треба да се нарекувате ни водачи, зашто имате само еден Водач, а тоа е Месијата. Најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга, зашто, кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен.“ „Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие пред носот на луѓето им ги затворате вратите на небесното царство: ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние кои се обидуваат! (Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие ги искористувате вдовиците и ги ограбувате нивните домови, а потоа редите долги молитви! Затоа вие ќе бидете посурово казнети!) Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Океани и земји обиколувате за да придобиете еден следбеник, а кога ќе го придобиете го претворате во син на пеколот, двапати полош од вас! Тешко вам, слепи водачи, кои велите: ,Ако некој се заколне во Божјиот храм, тоа на ништо не го обврзува, но ако се заколне во црковното злато, тогаш, тоа го обврзува!‘ Безумници и слепци ниедни! Што е поважно: златото или храмот што го прави златото да биде свето!? И ова го велите: ,Ако некој се заколне во олтарот, тоа на ништо не го обврзува, а ако се заколне во жртвениот прилог на олтарот, тогаш, тоа го обврзува!‘ Слепци ниедни! Што е поважно: жртвениот прилог на олтарот или олтарот што го прави прилогот да биде свет!? Тој што се заколнува во олтарот, се заколнува во него и во си што е на него! Тој што се заколнува во храмот, се заколнува во него и во Бога Кој е присутен во него! Тој што се заколнува во небото, се заколнува во Божјиот престол и во Бога, Кој седи на него! Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие давате десеток од зачините, како што се нането, копрата и кимот, а ги запоставувате најважните барања на Божјиот Закон: праведноста, милоста и верата! Да, десеток треба да давате, но не смеете да ги запоставувате најважните работи. Слепи водачи ниедни! Комарец цедите, а камила голтате! Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Чашите и чиниите однадвор ги миете, а однатре се полни со она што сте го зеле преку грабеж и себично лакомство! Слеп фарисеју! Прво нека биде чисто тоа што е во чашата, па ќе ђ биде чиста и надворешноста! Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие сте како варосани гробови кои однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со коски на мртовци и со изгниени трупови! На луѓето им се прикажувате како праведници, а однатре сте полни со лицемерство и гревови!“ „Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие им ѕидате гробници на пророците и ги украсувате спомениците на праведниците, и велите: ,Да живеевме во времето на нашите предци, ние немаше да соучествуваме во убивањето на пророците!‘ Така самите признавате дека сте им потомци на оние што ги убиваа пророците! Затоа, ајде, довршете го делото на вашите предци! Змии ниедни и змиски рожби! Како ќе ја избегнете пресудата за во пеколот!? Затоа, еве, испраќам меѓу вас пророци и мудри луѓе и вероучители, а вие некои од нив ќе убиете, на крст ќе ги распнете, а некои ќе ги камшикувате по синагогите и ќе ги прогонувате од еден град во друг. Така, врз вас ќе падне казната за сите невини жртви на Земјата, од убиството на праведниот Авел до убиството на Захарија, синот на Берекија, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот! Ве уверувам дека казната за сите овие убиства ќе падне врз оваа генерација! Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и ги каменуваш Божјите пратеници испратени во тебе! Колкупати сакав да ги закрилам твоите жители како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, но вие не сакавте! Затоа, вашиот храм ќе ви се препушти вам и ќе запусти. Ви кажувам дека отсега нема да Ме видите си додека не речете: ,Благословен да биде Оној што доаѓа во името на Господ!‘“ Кога Исус го напушташе храмот во Ерусалим и си заминуваше оттаму, Неговите ученици Му пријдоа и почнаа да Му ги покажуваат градбите на храмот. А Тој им рече: „Ги гледате ли сите овие градби? Ве уверувам дека од нив нема да остане камен врз камен, зашто ќе бидат разурнати!“ Подоцна, кога Исус седеше на падините од Маслиновата Гора, Му пријдоа Неговите ученици и насамо Го прашаа: „Кажи ни кога ќе се случи сето тоа и по што ќе го познаеме времето на Твоето повторно доаѓање и крајот на светот?“ Исус им одговори: „Чувајте се некој да не ве заведе. Бидејќи мнозина ќе се појават под Моето име и ќе ви говорат: ,Јас сум Месијата!‘ и ќе измамат мнозина. Ќе избувнат војни во близина и војни во далечина. Да не ве обзема паника, зашто тоа мора да се случи, иако тоа не значи дека веќе дошол крајот. Народите ќе војуваат едни против други, и држави против други држави. Глад и земјотреси ќе погодат многу места. Сето ова ќе биде само како почеток на породилни болки!“ „Тогаш вас ќе ве апсат, ќе ве казнуваат и ќе ве убиваат. Поради верата во Мене, по целиот свет ќе ве мразат. Во тоа време мнозина ќе се откажат од верата во Мене; едни други ќе се издаваат и меѓусебно ќе се мразат. Ќе се појават и многу лажни пророци и ќе заведат мнозина. Грешноста ќе земе таков замав, што љубовта меѓу луѓето ќе станува си постудена. Но тој што докрај ќе се одржи, ќе се спаси. А Радосната вест за небесното царство ќе се проповеда по целиот свет, за да ја чујат сите народи. Тогаш ќе дојде крајот.“ „Значи, кога ќе видите дека богохулникот што пустоши се наместил на светото место за ова пишува пророкот Даниел, и секој читател треба да обрне внимание тогаш, оние што ќе се најдат во покраината Јудеја нека бегаат кон планините, тој што ќе се најде на покривот, да не слегува долу да земе нешто од покуќнината, а тој што е на нива, да не се враќа дома за да си го земе палтото! Тоа ќе биде посебно тешко време за трудниците и за доилките! Молете Го Бога вашето бегство да не се случи зиме или во саботен ден! Зашто, тогаш ќе има такви маки, какви што немало од создавањето на светот досега, ниту пак ќе ги има во иднина. Да не беше предвидено скратување на тоа време, никој не би преживеал; но тоа време ќе се скрати, заради избраните од Бога.“ „Ако некој тогаш ви рече: ,Еве Го Месијата овде!‘ не верувајте му! Зашто, ќе се појават лажни месии и лажни пророци и ќе изведат големи знаци и чуда, обидувајќи се да ги измамат избраните од Бога, ако е можно. Еве, однапред ви кажав. Значи, ако ви речат: ,Ене Го Месијата во пустината!‘ не одете таму; или: ,Еве Го, се крие овде!‘ не верувајте им! Зашто, Синот Човечки ќе дојде како молскавица што ќе болсне на исток и веднаш ќе се види на запад! Каде што е мршата, таму ќе се соберат и мршојадците.“ „Веднаш по неволите во тие дни, ќе потемни Сонцето, Месечината ќе престане да свети, од небото ѕвезди ќе паѓаат и небесните сили ќе се разнишаат. Тогаш, конечно на небото ќе се појави знакот на Месијата, Синот Човечки; и ќе залелекаат сите народи на Земјата кога ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаците со моќ и величествена слава. Тој ќе ги испрати Своите ангели со громогласен звук од труба да ги соберат Неговите избраници од сите четири страни на светот, од едниот до другиот крај на светот.“ „Сфатете ја оваа споредба преку примерот со смоквата: штом ќе ђ се подмладат гранките и ќе пуштат лисје, знаете дека наближува летото. Така и вие, кога ќе видите дека сите овие случки што ви ги опишав се одвиваат, ќе знаете дека дошло времето и веќе е на прагот. Ве уверувам дека сите овие настани ќе се одиграат пред да изумре оваа генерација. Небото и Земјата ќе ги снема, но Моите зборови ќе останат! А денот и часот на Христовото враќање никому не му се откриени, дури ни на ангелите на небото, ниту пак на Божјиот Син. Само небесниот Татко ги знае. Кога ќе дојде Синот Човечки, состојбата во светот ќе биде како во времето на Ное. Имено, пред самиот потоп, луѓето јадеа, пиеја, се женеа и се мажеа си до денот кога Ное влезе во бродот; и не сфатија што се случува, додека не дојде потопот и ги однесе сите. Така ќе биде и кога ќе се врати Синот Човечки. Во тој миг, од двајца што ќе работат на нива, едниот ќе биде земен на небото, а другиот оставен; од две жени што ќе мелат во мелница, едната ќе биде земена, а другата оставена. Значи, бидете подготвени, зашто не го знаете денот во кој вашиот Господ ќе се врати. Но да знаете дека, кога еден домаќин би знаел во кое време на ноќта ќе му дојде крадец, тој би останал буден и не би дозволил да му провали во куќата! Значи, бидете духовно подготвени, зашто Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во час во кој не Ме очекувате!“ „Значи, за кој слуга може да се рече дека е мудар и верен? Тоа е оној слуга што добил задача од својот господар да ги надгледува сите други слуги и навреме да ги храни, и кој навистина си ја извршува задачата што му е доверена. Блазе си на таков слуга, кога ќе се врати неговиот господар! Ве уверувам дека нему ќе му го довери сиот свој имот! Но ако слугата е лош и си рече во себе: ,Мојот господар нема да се врати уште долго време!‘, и почне да ги тепа своите другари, и да јаде и пие со пијаници, тогаш неговиот господар ќе се врати во ден во кој не го очекува и во ненадеен час, и ќе го казни најстрого, фрлајќи го меѓу оние кои само се преправале дека се искрени спрема господарот. Таму ќе има лелекање и крцкање со заби.“ „Кога ќе биде воспоставено небесното царство, тоа ќе биде како во следната споредба. Десет девојки ги зеле своите ламби и излегле да го пречекаат младоженецот. Петте од нив биле глупави, а другите пет мудри. Глупавите понесле со себе ламби, но не зеле и масло за горење. Мудрите, пак, заедно со ламбите зеле и масло за горење. Доаѓањето на младоженецот се забавило, па сите девојки задремале и заспале. На полноќ ги разбудил силен извик: ,Младоженецот доаѓа! Излезете му во пресрет!‘ Девојките станале и почнале да ги подготвуваат своите ламби. Тогаш глупавите им рекле на мудрите: ,Дајте ни од вашето масло за горење, зашто ламбите ни гаснат!‘ Но мудрите им одговориле: ,Немаме доволно масло и за вас и за нас; затоа, појдете кај трговците и купете си!‘ Додека тие отишле да купат масло, младоженецот пристигнал. Тие што биле подготвени, влегле со него на свадбата, по што вратата била затворена. Подоцна пристигнале и другите девојки и почнале да викаат: ,Господине! Господине! Отвори ни!‘ А тој им одговорил: ,Не ве познавам кои сте!‘“ „Затоа“ заклучи Исус „бидете подготвени во секое време, зашто не го знаете ни денот, ни часот кога ќе се вратам.“ „Небесното царство може да се спореди со човек кој, пред да замине на пат, ги повикал своите слуги и им го предал својот имот да раководат со него. На секој од нив им дал според нивните способности: на првиот му доверил пет илјади златници, на вториот две илјади, а на третиот илјада. Потоа тој заминал на пат. Оној што добил пет илјади златници веднаш почнал да тргува со нив и спечалил уште пет илјади. Исто така и оној што добил две илјади златници спечалил уште две илјади. А слугата што добил илјада златници ги скрил златниците на неговиот господар, закопувајќи ги вземи. По подолго време господарот на слугите се вратил и ги повикал да му положат сметка. Дошол оној што беше примил пет илјади златници, донесол уште други пет илјади и рекол: ,Господару, ти ми довери пет илјади златници; еве, со нив спечалив уште пет илјади‘ ,Одлично!‘ му одговорил господарот. ,Ти се покажа како добар и верен работник. Ја оправда довербата над она малку што ти го доверив; затоа сега ќе ти предадам многу повеќе. Влези и придружи се на веселбата што ја приредува твојот господар!‘ Потоа пристапил и оној што беше добил две илјади златници и рекол: ,Господару, ти ми довери две илјади златници; еве, со нив спечалив уште две илјади‘ ,Одлично!‘ му одговорил господарот. ,Ти се покажа како добар и верен работник. Ја оправда довербата над она малку што ти го доверив; затоа сега ќе ти предадам многу повеќе. Влези и придружи се на веселбата што ја приредува твојот господар!‘ На крајот пристапил и слугата што беше добил илјада златници и рекол: ,Господару, знаев дека си ти строг човек: жнееш каде што не си сеел и береш каде што не си садел. Се исплашив дека ќе ги загубам доверените златници, па отидов и ги закопав. Еве, ти го враќам твоето.‘ Тогаш неговиот господар му рекол: ,Лош и мрзлив слуго! Штом си знаел дека сум строг човек и дека жнеам каде што не сум сеел и берам каде што не сум садел, зошто не ги стави моите пари в банка, та кога се вратив, со нив ќе добиев и камата!?‘ Затоа, земете му ги тие илјада златници и дајте му ги на оној што има десет илјади златници! Секој што спечалил нешто со она што му е доверено, ќе му биде дадено уште и тој ќе има изобилно. А на тој што не спечалил ништо со она што му е доверено, ќе му биде земено и она малку што го има. А бескорисниот слуга фрлете го надвор во темница таму каде што луѓето од мака лелекаат и чкртаат со сопствените заби!“ „Кога Синот Човечки ќе дојде во Сиот Свој сјај, придружен од сите Свои ангели, ќе седне на Својот славен престол и ќе ги собере околу Себе сите народи. Тој ќе ги одвои во две групи како што овчарот ги одлачува овците од козите. Овците ќе ги постави на Својата десна страна, а козите на левата. Тогаш Царот ќе им се обрати на оние од десната страна: ,Вие сте благословени од Мојот Татко; дојдете и примете го Царството што е приготвено за вас уште од создавањето на светот. Зашто, кога бев гладен, вие Ме нахранивте; кога бев жеден, Ме напоивте; кога бев патник, Ме прибравте; кога бев без облека, Ме облековте; кога бев болен, Ме гледавте; кога бев в затвор, Ме посетувавте.‘ Тогаш праведниците ќе Му одговорат: ,Господе! Кога сме Те виделе гладен или жеден, па сме Те нахраниле и сме Те напоиле? Кога сме Те сретнале како патник или без облека, па сме Те прибрале и сме Те облекле? Кога сме Те виделе болен или в затвор, па сме Те гледале и сме Те посетиле!?‘ А Царот ќе им рече: ,Секогаш кога сте го правеле тоа за еден од Моите најмали луѓе сте го правеле за Мене!‘ Потоа Царот ќе им се обрати на оние од левата страна: ,Бегајте од Мене, вие клетници! Одете во вечниот оган, подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели! Зашто, кога бев гладен, вие не Ми дадовте да јадам; кога бев жеден, не Ми дадовте да се напијам, кога бев патник не Ме прибравте; кога бев без облека, не Ме облековте, кога бев болен и в затвор, вие не Ме посетивте.‘ Тогаш и тие ќе Му речат: ,Господе! Кога сме Те виделе гладен или жеден, како патник или без облека, болен или в затвор, па не сме Ти помогнале?‘ А Тој ќе им одговори: ,Штом не сте направиле ништо за еден од Моите најмали луѓе, не сте направиле ни за Мене!‘“ Потоа Исус заклучи: „Овие луѓе ќе добијат вечна казна, а праведниците вечен живот.“ Завршувајќи со сите овие поуки, Исус им рече на Своите ученици: „Како што знаете, по два дена настапува празникот Пасха. Тогаш Мене, Синот Човечки, ќе Ме предадат и ќе Ме распнат на крст.“ Во тоа време, во резиденцијата на Првосвештеникот Кајафа се одржуваше состанок на свештеничките поглавари и народните старешини. Тие решија тајно да Го уапсат Исуса и да Го погубат. „Но не за време на празникот, за да не се побуни народот!“ заклучија тие. Исус се наоѓаше во местото Бетанија, во куќата на Симон, кој порано боледувал од лепра, кога Му пријде една жена, носејќи скапоцен мирис во шише од алабастер и го полеа врз главата на Исус, Кој седеше на поставената трпеза. На ова, Неговите ученици реагираа налутено, велејќи: „Зошто се прави ваква штета!? Мирисот можеше да се продаде за скапи пари, а парите да им се разделат на сиромасите!“ Исус го забележа тоа, па им рече: „Зошто ја прекорувате жената!? Таа направи едно љубезно дело за Мене. Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, но Мене нема секогаш да Ме имате. Излевајќи го овој мирис врз Моето тело, таа Ме приготви за погреб. Отсега, секогаш кога ќе се проповеда оваа Радосна вест, насекаде по светот ќе се спомнува и ова нејзино дело и ќе им се кажува на други, во спомен на оваа жена.“ Тогаш Јуда Искариот, кој беше еден од дванаесетте Исусови ученици, отиде кај свештеничките поглавари и им рече: „Колку ќе ми платите, ако ви Го предадам Исус?“ Тие му дадоа триесет сребреници. Оттогаш Јуда бараше згоден момент да Го предаде Исуса. На првиот ден од празникот Бесквасници учениците Му пристапија на Исус и Го прашаа: „Каде би сакал да ја приготвиме пасхалната вечера?“ Исус им рече да отидат во градот и на извесен човек да му кажат вака: „Нашиот Учител вели: ,Дојде Моето време. Сакам да ја одржам пасхалната вечера, заедно со Моите ученици, овде, во твојот дом‘.“ Учениците постапија онака како што им заповеда Исус и таму ја приготвија пасхалната вечера. Вечерта Исус седеше на трпезата заедно со дванаесеттемина. Додека вечераа, Исус им рече: „Еден од вас навистина ќе Ме предаде!“ Оваа изјава ги нажали учениците и еден по еден почнаа да Го прашуваат: „Да не сум јас, Господе?“ Исус им одговори: „Еден од вас, што јаде од иста чинија со Мене, ќе Ме предаде. Навистина, Јас, Синот Човечки, морам да умрам, како што е претскажано во Светото Писмо; но тешко си му на тој човек што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! Подобро ќе му беше ако воопшто не се родеше!“ Тогаш Јуда Го праша: „Учителе, да не сум јас?“ Исус му одговори: „Самиот си кажа!“ Додека вечераа, Исус зеде леб, го благослови и го раскрши. Потоа им даваше на учениците и им говореше: „Земете и јадете; ова го претставува Моето тело“. Потоа зеде чаша со вино, Му се заблагодари на Бог, им ја подаде чашата на Своите ученици и им рече: „Земете и пијте сите; ова ја претставува Мојата крв крв на Божјиот нов завет со вас крв што се пролева за простување на гревовите на многу луѓе. Ви кажувам дека отсега нема веќе да пијам од лозовиот род, си до денот кога одново ќе пијам со вас, во Царството на Мојот Татко.“ Потоа испеаја псалми и отидоа на Маслиновата Гора. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Во текот на оваа ноќ сите вие ќе Ме напуштите, како што е претскажано во Светото Писмо: ,Ќе удрам по Пастирот, и овците ќе се разбегаат!‘ Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја.“ Петар Му рече: „Дури и ако сите други Те остават, јас никогаш нема да Те оставам!“ Исус му одговори: „Те уверувам дека уште ноќва, пред да пропеат петлите, трипати ќе одречеш дека си Мој следбеник!“ Но Петар пак Му рече: „Дури и ако треба да загинам со Тебе, јас нема да одречам дека сум Твој следбеник!“ Истото го велеа и сите други ученици. Во придружба на Своите ученици Исус отиде на едно место наречено Гетсемани. Кога пристигнаа таму, Тој им рече: „Седете овде, а Јас ќе отидам потаму, да се помолам.“ Со Себе ги зеде Петар и двајцата Завдаеви синови Јаков и Јован. Мошне потресен и натажен, Исус им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте заедно со Мене!“ Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли: „Татко Мој, ако е возможно, не дозволувај да страдам на ваков суров начин; сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата.“ Кога Исус се врати кај Своите ученици ги затекна како спијат. Тогаш му се обрати на Петар: „Зар не можевте да бдеете со Мене еден час!? Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа! Зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“ Потоа Исус повторно се оддалечи малку и продолжи да се моли: „Татко Мој! Ако нема начин да Ме одмине ова горчливо страдање, Јас ќе ја исполнам Твојата волја!“ Враќајќи се кај Своите ученици повторно ги затекна на спиење; очите едноставно им се затвораа. Исус ги остави и отиде пак да се моли, по третпат повторувајќи ја истата молитва. Потоа се врати кај Своите ученици и им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници. Станувајте, тргнуваме. Предавникот Мој доаѓа.“ Додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда. Тој беше еден од дванаесетте Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружена со мечеви и со стапови. Сите беа испратени од свештеничките поглавари и од народните старешини. Претходно, предавникот Јуда им беше рекол: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам!“ Тоа беше договорениот знак. Тој му пријде на Исус и Му рече: „Здраво, Учителе!“ И го бакна. Исус му одговори: „По кој повод си дојден, пријателе?“ Тогаш дојдените со Јуда Го фатија Исуса и Го уапсија. Наеднаш, еден од оние што беа со Исус извлече нож и, замавнувајќи, му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот. Но Исус му рече: „Врати го ножот во ножницата! Кој посегнува по нож, од нож и ќе загине! Мислиш дека Јас не можам да побарам од Мојот небесен Татко за миг да испрати повеќе од дванаесет армии од ангели да ни заштитат? Но, како ќе се исполни претскажаното во Светото Писмо, според кое ова мора да се случи!?“ Потоа Исус ђ се обрати на толпата: „Што сте излегле против Мене со мечеви и стапови, како да Сум разбојник!? Зошто не Ме уапсивте во храмот каде што секојдневно седев и поучував?. Но, сето ова се случува вака за да се исполнат запишаните претскажувања на пророците.“ Тогаш сите Негови ученици Го оставија и се разбегаа. Оние што Го уапсија Исуса, Го одведоа кај Првосвештеникот Кајафа. Кај него се беа собрале вероучителите и старешините. А Петар оддалеку Го следеше, си до дворот на Првосвештеникот. Потоа влезе внатре и седна со чуварите, за да види како ќе заврши сето ова. Свештеничките поглавари и целиот Врховен совет сакаа да Го погубат Исуса и затоа бараа лажни сведоци против Него, но не најдоа, иако мнозина пристапуваа со бројни лажни обвиненија. Најпосле, пристапија двајца и рекоа: „Овој човек тврдеше дека може да го разурне Божјиот храм и за три дена повторно да го подигне!“ Тогаш Првосвештеникот стана и Му се обрати на Исус: „Зар нема ништо да одговориш против овие обвинувања?“ Исус молчеше. Првосвештеникот повторно Му се обрати: „Те заколнувам пред живиот Бог да ни кажеш, дали си Ти Месијата Божјиот Син?“ Исус му одговори: „Самиот кажа! Но на сите вас ви велам: ,Наскоро ќе Ме видите Мене, Синот Човечки, како седам на почесната, десна страна на Семоќниот, и како доаѓам на небесните облаци.‘“ На ова, Првосвештеникот си ја расцепи облеката во знак на грозење и рече: „Ова е богохулство! Зар ни се потребни други сведоци? Сега го чувме Неговото богохулство! Какво е вашето мислење?“ Тие одговорија: „Заслужува смртна казна!“ Тогаш едни почнаа да Му плукаат в лице и да Го удираат со тупаници, а други Му удираа шлаканици и Му велеа: „Месијо, погоди кој те удри!?“ За тоа време Петар седеше надвор, во дворот. Една слугинка му пријде и му рече: „И ти беше со Галилеецот Исус!“ Но тој пред сите одрекуваше, велејќи: „Не е точно тоа што го тврдиш!“ Кога Петар се упати кон вратата, го виде уште една слугинка и им рече на оние што седеа таму: „И овој човек беше со Исус од Назарет!“ Петар повторно одрече и дури се заколна, изјавувајќи: „Не го познавам тој човек!“ Малку подоцна, некои од оние што стоеја таму се доближија до Петар и му рекоа: „Навистина, и ти си еден од нив! И говорот твој те издава!“ Но Петар почна да се колне и да ги уверува: „Јас не го познавам тој човек!“ Во тој момент запеа петел. Тогаш Петар се сети на Исусовите зборови: „Уште пред петлите да запеат, ти трипати ќе одречеш дека си Мој следбеник.“ Потоа излезе надвор и горко заплака. На разденување, се состанаа сите свештенички поглавари и народни старешини и решија да побараат од римските власти Исус да биде погубен. Го врзаа и Го одведоа кај римскиот гувернер Пилат. Кога предавникот Јуда разбра дека Исус е осуден на смрт, кај него се јави грижа на совеста, па им ги врати триесетте сребреници на свештеничките поглавари и на старешините, изјавувајќи: „Згрешив, бидејќи предадов невин човек!“ Но тие му одговорија: „Што имаме ние со тоа? Тоа си е твоја работа!“ Тогаш Јуда ги фрли сребрениците во храмот, си замина оттаму и се обеси. Свештеничките поглавари ги собраа парите и рекоа: „Овие пари беа дадени за да се погуби човек; затоа не смеат да се стават во црковната каса!“ Одржаа состанок на кој решија да се купи ,грнчаревата нива‘ и да се користи како гробишта за туѓинци. Поради ова, таа нива до денес се вика ,Крвна нива‘. На тој начин се исполнија зборовите на пророкот Еремија: „Ги зедоа триесетте сребреници, цена што за Непроценливиот ја определија Израелците. Ги платија за нивата на грнчарот, како што Господ ми објави.“ Исус беше доведен пред римскиот гувернер Пилат, кој Го запраша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“ А кога свештеничките поглавари и старешините почнаа да ги изнесуваат своите обвинувања против Него, Исус молчеше. Тогаш Пилат Му рече: „Зар не ги слушаш овие тешки обвиненија против Тебе?“ Но Исус воопшто не му одговараше, на што гувернерот многу се чудеше. А на секој празник, гувернерот пушташе од затвор по еден затвореник, по избор на народот. Во тоа време в затвор беше еден озлогласен разбојник, по име Бараба. Пилат го запраша насобраниот народ: „Кого сакате да ви го ослободам: (Исус) Бараба или Исус, наречен ,Месијата‘?“ Пилат знаеше дека еврејските водачи му Го предадоа Исуса од завист. Додека Пилат го водеше судењето, му ја донесоа следната порака од неговата сопруга: „Не учествувај во осудувањето на Тој праведен човек, зашто ноќва имав морничави соништа поради Него!“ Но свештеничките поглавари и народните старешини го наговорија народот да бара ослободување за Бараба, а погубување за Исус. Гувернерот повторно го праша насобраниот народ: „Кој од овие двајца сакате да ви го ослободам?“ А тие извикаа: „Бараба!“ Тогаш Пилат ги праша: „А што да правам со Исус, наречен ,Месијата‘?“ Тие на сиот глас викаа: „Распни Го на крст!“ „Какво злосторство извршил?“ ги праша Пилат. Но тие уште погласно викаа: „Распни Го на крст!“ Пилат виде дека ништо не може да постигне и дека викањето станува си погласно, па зеде вода, си ги изми рацете пред народот и рече: „Јас сум невин за смртта на овој човек! Ова е ваше дело!“ „Ние и нашите деца ја преземаме одговорноста за Неговата смрт!“ викаше целиот насобран народ. Тогаш Пилат им го ослободи Бараба, а на своите војници им нареди да Го камшикуваат Исуса и потоа да Го распнат на крст. Тогаш војниците на гувернерот Го воведоа Исуса во дворот и околу Него се насобра цела чета војници. Тие Му ја соблекоа горната облека и Му облекоа црвена наметка. Исплетоа венец од трње и Му го ставија на главата, а во десната рака Му ставија една трска. Потоа паѓаа пред Него на колена и Му се подбиваа, велејќи Му: „Здраво, еврејски царе!“ Го плукаа и со трската Го удираа по главата. Откако доволно се изнашегуваа со Исус, Му ја симнаа црвената наметка и повторно Му ја облекоа Неговата горна облека. Потоа Го поведоа на распнување. По пат сретнаа еден човек по име Симон, од градот Кирена, и го натераа да го носи крстот за распнувањето на Исус. Стигнаа на местото наречено Голгота, што во превод значи „Череп“. Му понудија на Исус пијалак од вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но кога Тој вкуси не сакаше да го пие. Војниците Го распнаа Исуса на крстот и со жрепка си ги поделија меѓу себе Неговите алишта. Потоа седнаа и стражареа околу Него. Над главата Му ставија натпис за Неговата вина. Натписот гласеше: „Ова е Исус, царот на Евреите.“ Заедно со Него распнаа и двајца злосторници: едниот оддесно, другиот одлево на Исус. Минувачите покрај крстот Го навредуваа Исуса, вртејќи со главите и извикувајќи: „Ти, што тврдеше дека ќе ни го разурнеш храмот и за три дена повторно ќе го подигнеш, спаси се сега! Ако си Ти Божјиот Син, ајде симни се од крстот!“ На сличен начин Му се подбиваа и свештеничките поглавари, старешините и вероучителите. Тие говореа: „Други спасуваше, а Самиот не може да се спаси! Тој ми бил цар на Израел! Нека се симне сега од крстот, па ќе Му веруваме! На Бога се повикуваше, сега Тој нека Го избави, ако Му е навистина мил! Нели Самиот тврдеше дека е Божји Син!?“ На ист начин Го навредуваа и со Него распнатите злосторници. Меѓу дванаесет и петнаесет часот над целата земја се спушти густа темнина. Околу петнаесет часот, Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, л’ма ш’вактани?“ што во превод значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!?“ Некои од присутните Го слушнаа ова и рекоа: „Го довикува пророкот Илија!“ Еден од нив веднаш истрча, накваси сунѓер во оцет, го закачи на врвот од трска и Му понуди на Исус да се напие. Другите, пак, говореа: „Чекајте, да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!“ Исус уште еднаш извика со силен глас и умре. Во тој миг, завесата во храмот се расцепи на два дела озгора додолу. Земјата се тресеше и карпите распукнуваа! Гробници се отворија и телата на голем број починати праведници воскреснаа! Тие излегоа од гробниците и по Исусовото воскресение дојдоа во светиот град и им се покажаа на многу луѓе. Римскиот офицер и војниците кои стражареа крај Исус го почувствуваа земјотресот, а ги забележаа и останатите случки. Од тоа многу се исплашија и говореа: „Овој човек навистина беше Божјиот Син!“ Тука беа присутни и голем број жени, кои уште од Галилеја Го придружуваа Исуса и Му помагаа. Меѓу нив беа: Марија од градот Магдала, Марија мајката на Јаков и Јосиф, и мајката на Завдаевите синови, Јаков и Јован. Таа вечер, еден богат човек од Ариматеја, кој се викаше Јосиф, а беше Исусов ученик, дојде кај Пилат и го побара Исусовото тело. Пилат одобри да му се даде. Тогаш Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно и го положи во својата нова, дотогаш некористена гробница, издлабена во карпа. На отворот постави голем камен и си замина. Спроти гробницата останаа да седат Марија Магдалена и другата Марија. Утредента, во саботата, кај Пилат дојдоа заедно свештеничките поглавари и фарисеите. Тие му рекоа: „Господине! Се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив, рече: „На третиот ден ќе воскреснам од мртвите!“ Затоа, заповедај три дена да се чува Неговиот гроб, за да не дојдат Неговите ученици да Го украдат Неговото тело, па после да му кажуваат на народот дека Тој воскреснал од мртвите. Ако се случи тоа, последната лага ќе биде полоша од првата!“ Пилат им рече: „Еве ви стражари, па одете и чувајте како што знаете.“ Тие отидоа, го запечатија гробниот камен и поставија стража пред гробницата. Кога измина саботата, во раните мугри на неделата, Марија Магдалена и другата Марија дојдоа да го посетат гробот. Одненадеж почвата силно се затресе; ангел Господов слезе од небото, го тргна каменот со кој беше затворена гробницата и седна врз него. Лицето му светеше како молскавица, а облеката му беше бела како снег. Стражарите толку се исплашија, што како мртви испопаѓаа по земјата. Ангелот им се обрати на жените: „Не плашете се! Знам дека Го барате распнатиот Исус. Не е тука; воскресна, како што однапред ви беше рекол! Влезете и погледнете го местото каде што беше положено Неговото тело. Одете брзо и кажете им на Неговите ученици дека Тој воскресна од мртвите и дека е на пат кон Галилеја. Појдете таму и ќе Го видите. Еве, дојдов да ви го кажам тоа.“ Со измешани чувства на страв и радост жените веднаш ја напуштија гробницата и со трчање се упатија кон Исусовите ученици да ги известат за ова. Одеднаш, ги пресретна Исус и ги поздрави: „Здраво!“ Тие Му пријдоа, ги прегрнаа Неговите нозе и Му се поклонија. Тогаш Исус им рече: „Не плашете се! Одете и јавете им на Моите браќа да појдат во Галилеја; таму ќе се видиме!“ Додека жените одеа кон градот, некои од стражарите што го чуваа гробот веќе отидоа во градот и им раскажаа на свештеничките поглавари за сето ова што се случи. Тогаш свештеничките поглавари се состанаа со народните старешини и решија да ги подмитат стражарите со голема сума пари. Им рекоа вака: „Ќе кажувате дека Исусовите ученици дошле ноќе додека вие сте спиеле и го украле Неговото тело! Ако за ова чуе гувернерот, ние ќе се погрижиме да нема непријатности за вас.“ Стражарите ги зедоа парите и постапија онака како што им беше кажано. За ова меѓу Јудејците се раскажува до денденес. Единаесеттемина Исусови ученици отидоа во Галилеја, на гората на којашто Исус им закажа средба. Кога Го видоа, тие Му се поклонија, иако некои од нив останаа неуверени. Приближувајќи им се, Исус им рече: „Ми се даде целата власт, на небото и на Земјата. Одете меѓу сите народи и создадете од нив Мои ученици; крштавајте ги во името на Таткото, Синот и Светиот Дух; Учете ги новите следбеници да го извршуваат сето она што вам ви го заповедав. А Јас ви ветувам дека секојдневно ќе бидам со вас, се до свршетокот на времето. Амин!“ Ова е почетокот на Радосната вест за Божјиот Син Исус Христос. Таа започна онака како што беше предвестено од Бог, во Книгата напишана од пророкот Исаија: “Ќе испратам Свој гласник, да ти го подготви патот. Низ пустината ќе одекнува неговиот глас: ?Пригответе пат за доаѓањето на Господ! Исправете го патот за Него!‘“ Тој гласник беше Јован Крстител кој се појави во пустината и започна да проповеда крштавање како знак за обраќање кон Бог заради простување на гревовите. Кај него почнаа да доаѓаат луѓе од цела Јудеја и од Ерусалим. Тие ги исповедаа своите гревови, а Јован ги крштаваше во реката Јордан. Јован носеше облека исплетена од камилски влакна и беше препашан со кожен појас. Се хранеше со скакулци и див мед. Тој им зборуваше на луѓето: „По мене доаѓа многу голем човек! Јас не сум достоен ни ремењата од Неговите сандали да Му ги одврзам! Јас сега ве крштавам со вода, а Тој ќе ве крсти со Светиот Дух.“ Во тоа време дојде Исус од Назарет во Галилеја и Јован Крстител Го крсти во реката Јордан. Во моментот кога Исус излегуваше од водата, Јован виде како се отвори небото и Светиот Дух во облик на гулаб слезе врз Исус. Се чу и глас од небото: „Ти си Мојот сакан Син; со Тебе Сум наполно задоволен!“ Веднаш по ова, Божјиот Дух Го одведе Исуса во пустината. Таму Тој остана четириесет дена и Сатаната Го искушуваше. Исус живееше сред диви животни, но ангелите се грижеа за Него. Подоцна, кога владетелот Ирод Антипа го затвори Јована Крстител, Исус отиде во Галилеја за да ја проповеда Божјата Радосна вест. Говореше: „Дојде времето! Божјото царство се приближува! Покајте се и верувајте во Радосната вест!“ Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус ги забележа браќата Симон и Андреј. Тие беа рибари и ги поставуваа своите рибарски мрежи во езерото. Исус им рече: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе, а не риби!“ Двајцата браќа веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него. Малку понатаму, Исус ги забележа Завдаевите синови Јаков и Јован. Тие седеа во своето бротче и си ги крпеа рибарските мрежи. Веднаш ги повика и нив. Оставајќи ги својот татко и наемните работници во бротчето, тие тргнаа по Исус. Придружуван од Своите ученици, Исус отиде во градот Кафарнаум. Во саботата, отиде во синагогата и почна да ги поучува луѓето. Сите беа восхитени од Неговото учење. Тој поучуваше со вистински авторитет, а не како вероучителите. Одненадеж, во синагогата влезе еден човек обземен со демонски дух и почна да вика: „Што ќе ни сториш, Исусе од Назарет!? Дојде за да нe уништиш, нели!? Те знам Кој си: Ти си Божјиот Светец!“ Исус му заповеда на демонскиот дух: „Замолкни и излези од човекот!“ Демонскиот дух го стресе човекот и со силна викотница излезе од него. Луѓето останаа вчудовидени и си велеа еден на друг: „Што е ова? Некое ново и моќно учење! На демонски духови им заповеда и тие Му се покоруваат!“ Вестите за Исус бргу се раширија по цела Галилеја. Напуштајќи ја синагогата, во придружба на Јаков и Јован, Исус отиде во куќата на Симон и Андреј. Таму Му кажаа дека тештата на Симон лежи болна со силна треска. Исус влезе кај неа, ја фати за раката и ја поткрена. Треската веднаш и престана и таа почна да ги послужува. Вечерта, по зајдисонце, сите што беа болни или обземени од демони ги доведуваа кај Исус. Целиот град се собра пред вратата. Исус ги исцелуваше сите заболени од најразлични болести и ги ослободуваше од демонски духови. Демоните знаеја Кој е Исус, но Тој не им дозволуваше да кажат. Рано утредента, уште в мугри, Исус стана и отиде на молитва, сам, на тивко место. Симон и другите тргнаа да Го бараат. Кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“ А Тој им одговори: „Да одиме на друго место, во соседните градови, за да им проповедам и ним, бидејќи за таа цел сум дојден.“ Така Исус ја помина целата покраина Галилеја, проповедајќи по тамошните синагоги и ослободувајќи луѓе од демонска обземеност. Еден човек, болен од лепра, дојде кај Исус, клекна на колена и почна да Го моли: „Ако сакаш, Ти можеш да ме исцелиш!“ Исус се сожали, испружи рака и го допре, велејќи му: „Сакам! Еве, те исцелувам!“ Во истиот момент лепрата исчезна и човекот оздраве. Испраќајќи го, Исус строго му нареди: „Не кажувај никому за ова! Оди само кај свештеникот и покажи му дека си здрав. Потоа принеси дар во храмот како што е пропишано со Мојсеевиот Закон, за да се увери јавноста.“ Но тукушто излезе, човекот почна на сите да им раскажува за случката, така што Исус повеќе не можеше јавно да се движи во градот. Престојуваше надвор од населените места, а народ од сите страни доаѓаше кај Него. По извесно време, Исус повторно се врати во Кафарнаум и набргу се дозна дека Тој е дома. Тогаш толку народ се насобра, што веќе немаше место ни пред вратата. Исус им ја проповедаше Божјата порака. Четворица мажи, носејќи на носила еден парализиран човек, се упатија кон Исус. Бидејќи не можеа да дојдат до Него, поради многубројниот народ, тие се искачија на кровот, направија отвор над местото каде што стоеше Исус и ги спуштија носилата со парализираниот човек. Гледајќи со колкава вера го прават ова, Исус му рече на парализираниот: „Синко, гревовите ти се простуваат!“ Тука беа присутни и некои вероучители, кои во себе почнаа да се прашуваат: „Како смее да зборува вака!? Тој се прави Бог! Кој може да простува гревови освен Бог!?“ Во истиот момент, Исус ги проѕре нивните мисли и им рече: „Зошто ви идат такви зли мисли? Што е полесно за Мене: да му речам на парализираниот дека му се простуваат гревовите или да му речам да стане, да си ја земе постелата и да си оди дома? Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт да простувам гревови на Земјава!“ Тогаш Исус му рече на парализираниот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ Пред очите на сите, човекот веднаш стана, си ја зеде постелата и излезе. Луѓето беа вчудовидени и Му оддаваа слава на Бога, велејќи: „Вакво нешто досега не сме виделе!“ Исус повторно отиде на брегот на Галилејското Езеро. Голема толпа луѓе се собра околу Него и Тој ги поучуваше. Одејќи, Исус го забележа Алфеевиот син Левиј. Тој седеше на своето работно место - собирач на данок. Исус го повика: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Левиј стана и Му се придружи на Исус. Подоцна Исус и Неговите ученици беа поканети на вечера кај Левиј. Меѓу поканетите беа и голем број собирачи на данок и други грешници кои одеа по Исус. Некои од вероучителите беа припадници на фарисеите. Гледајќи како Исус вечера со грешници и собирачи на данок, тие им приговорија на Исусовите ученици, велејќи: „Зошто Исус вечера со собирачи на данок и со грешници!?“ Исус ги слушна и им одговори: „На здравите луѓе не им е потребен лекар, туку на болните. За Мои следбеници не дојдов да поканувам „праведници“, туку грешници!“ Учениците на Јован Крстител, како и фарисеите, практикуваа постење. Затоа некој дојде кај Исус и Го праша: „Зошто Твоите ученици не постат, како што постат учениците на Јован Крстител и на фарисеите?“ Исус им одговори: „Зар очекувате сватовите да постат за време на свадбата, додека младоженецот е со нив? Ќе дојде време кога младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат. Не се крпи стара облека со нова крпа од непрано платно! Зашто, крпата од новото платно ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка! Не се става ново вино во стари кожни мешини! Новото вино ферментирајќи ќе ги пукне старите мешини! Тогаш и виното ќе истече и мешините ќе се уништат. Ново вино се става во нови мешини!“ Еден саботен ден Исус минуваше преку некои ниви, а Неговите ученици кинеа клавчиња. Некои од фарисеите Му приговорија, велејќи: „Зошто го прават во саботен ден она што не смее да се прави во сабота!?“ Исус им одговори: „Зар не сте читале што направи Давид кога заедно со неговата дружина се најдоа во невола и огладнеа? Тоа беше во времето на Првосвештеникот Евјатар. Давид влезе во Божјиот храм, и тој и неговата дружина јадеа од посветените лебови, од кои само свештениците смеат да јадат!“ Во заклучок, Исус им рече: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата! Затоа, Јас, Синот Човечки, Сум господар и на саботата.“ Исус повторно влезе во тамошната синагога и таму сретна еден човек со парализирана рака. Фарисеите сакаа да Го обвинат Исуса, па Го демнеа, за да видат дали ќе го исцели човекот во саботен ден. Исус му се обрати на човекот со парализирана рака: „Дојди, застани пред сите!“ Потоа праша: „Што треба да се прави во сабота: добро или лошо? Да се спаси некој човечки живот, или да се уништи?“ Сите молчеа. Исус налутено ги изгледа сите по ред. Сепак, Му стана жал за нив, поради нивната тврдоглавост. Потоа му се обрати на човекот: „Испружи си ја раката!“ Тој ја испружи и раката му оздраве. Фарисеите веднаш излегоа и заедно со приврзаниците на Ирод се договорија да Го убијат Исуса. Исус се повлече со Своите ученици по должината на езерското крајбрежје. По Него одеше голема толпа народ од Галилеја, како и од Јудеја, од Ерусалим, од Идумеја и од други места на источната страна од реката Јордан. Доаѓаа и луѓе од поширокото подрачје на градовите Тир и Сидон. Сите тие дојдоа, откако беа слушнале за делата на Исус. Тој беше принуден да им каже на Своите ученици во секое време да имаат подготвено бротче за Него, за да не Го згмечи народот. Бидејќи исцелуваше мнозина, сите болни навалуваа кон Него, за да Го допрат. А демонските духови паѓаа ничкум пред Исус и викаа: „Ти Си Божјиот Син!“ - иако Тој строго им забрануваше да кажуваат кој е Тој. Потоа Исус се упати кон гората, повикувајќи ги со Себе и оние што ги беше избрал. Тие Му се придружија. Од нив Тој избра дванаесет души да бидат Негови апостоли: да Го придружуваат и да ги испраќа да проповедаат. Исто така и да ги ослободуваат луѓето обземени од демони. А дванаесеттемина беа овие: Симон, кого Исус го нарече Петар, Завдаевите синови Јаков и Јован, кои Исус ги нарече „грмежливи синови“, Андреј, Филип, Бартоломеј, Матеј, Тома, Алфеевиот син Јаков, потоа Тадија, Симон Кананеецот, и Јуда Искариот, кој подоцна стана предавник на Исус. Исус се врати дома, а голема толпа народ повторно навали, така што Тој и Неговите ученици не можеа ни да јадат. Кога Неговите домашни разбраа за ова, тргнаа да Го приберат, зашто се говореше дека Тој е луд. Вероучителите што беа дојдени од Ерусалим зборуваа дека Исус е обземен од Баалзибул - поглавицата на демонските духови - и дека со помош на Баалзибул ги изгонува демонските духови. Тогаш Исус го повика народот да се собере околу Него, па почна да му зборува преку споредби. “Како може Сатаната сам себеси да се изгонува!? Царство во кое едни против други војуваат, не може да се одржи! Семејство во кое владее неслога, не може да се одржи! Ако Сатаната се крене сам против себе - тоа би значело крај за него! Може ли некој да му упадне во куќата на силен човек и да го ограби, ако прво не го совлада и не го врзе? Само така ќе може да го ограби! Сериозно ви велам: сите грешни дела и навреди, колку и да се тешки, можат да им бидат простени на луѓето; но нема простување за оној што ќе го навреди Светиот Дух; таквиот грев вечно ќе го товари.“ Исус го рече ова, зашто за Него говореа дека е обземен со демонски дух. Тогаш пристигнаа мајка Му и браќата на Исус. Стоејќи надвор, тие испратија некого да Го повика. Токму тогаш околу Него се беше насобрал многу народ и некои меѓу нив Му рекоа: „Ене ги надвор мајка ти, браќата и сестрите Твои и Те викаат!“ А Тој им одговори: „Која ми е мајка и кои ми се браќа и сестри?“ Покажувајќи на седнатите околу Него, додаде: „Еве ги мајка Ми и браќата Мои! Секој што ја извршува Божјата волја ми е и брат и сестра и мајка!“ Покрај брегот на Галилејското Езеро, Исус уште еднаш почна да го поучува народот. Се беше собрал толку многу народ, што Тој мораше да се качи на едно рибарско бротче и оттаму да му зборува на народот кој стоеше на брегот. За многу работи ги учеше, користејќи се со споредби. Во една од нив им упати ваква порака: „Слушајте го ова: Еден сејач излезе да сее на својата нива. Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа. Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја и тоа брзо никна, бидејќи земјата беше плитка. Но штом опече сонцето, стебленцата свенаа и се исушија, бидејќи немаа доволно длабоки корени за да ги одржат во живот. Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата и тие не донесоа никаков род. Конечно, дел од семето падна на плодна почва каде што изникна, порасна и донесе род: едно стебло роди триесет, друго шеесет, а трето - сто зрна.“ Потоа Исус заклучи: „Ако имате уши - слушајте внимателно!“ Кога Исус беше насамо со Своите дванаесет апостоли и со уште некои следбеници, тие Го прашаа за причината поради која Тој се служи со споредби. Тој им одговори: „Вам ви е објавена тајната за Божјото царство, но на другите луѓе им зборувам преку споредби, бидејќи тие, имајќи очи - не гледаат, имајќи уши - не слушаат, ниту пак се трудат да разберат, па да се обратат кон Бог и Тој да им прости.“ Потоа Исус им рече: „Ако не ја разберете оваа споредба, не ќе можете да ги разберете другите. Тоа што сејачот го сее е Божјата порака. Тврдата почва, покрај патот, ги претставува луѓето што ќе ја чујат пораката, но веднаш доаѓа Сатаната и им ја одзема од срцето. Каменестата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака и веднаш со задоволство ја прифаќаат. Но таа во нив не се закоренува и тие остануваат верници само кратко време: штом ќе надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш потклекнуваат. Трнливата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, но прекумерните грижи за работи од овој земен живот и желбата да се збогатат и да имаат сe и сешто ги заведуваат и ја задушуваат пораката во нив; така таа останува без плод. Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, ја прифаќаат и донесуваат род: едни триесеткратен, други шеесеткратен, трети стократен.“ Продолжувајќи, Исус им рече: „Зар свеќа се пали за да се покрие со капак или пак да се стави под кревет!? Зар не се пали за да се стави на свеќник? Нема ништо скриено што нема да излезе на виделина. Нема тајно дело што нема да се дознае. Ако имате уши - слушајте внимателно! Слушајте внимателно: со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери и ќе ви се додаде! На тој што има нешто, ќе му се додаде уште; на тој што нема, ќе му се одземе и она малку што го има!“ Во продолжение, Исус рече: „Божјото царство може да се спореди со семе што човек го посева на својата нива. Потоа, тој ноќе спие, а дење излегува. За тоа време семето никнува и расте, иако тој не го разбира тоа. Самата земја го произведува плодот: најпрво стебло, потоа клас и на крајот зрна. Штом плодот ќе созрее, доаѓа жетвата и сејачот го жнее.“ „Како да го опишеме Божјото царство? Со што да го споредиме?“ - продолжи Исус. „Тоа може да се спореди со посеано синапово зрно: иако тоа е најмало од сите семиња, кога ќе се посее, израснува поголемо од сите градинарски растенија и се разгранува, така што под неговите гранки и птиците си свиваат гнезда!“ Користејќи се и со многу други, слични споредби, Исус му ја изложуваше на народот Својата порака, на разбирлив начин за нив. Ништо не им кажуваше без да се користи со споредби. А кога беше насамо со Своите ученици, ним им објаснуваше сe. Таа вечер, Исус им рече на Своите ученици: „Ајде да преминеме на другата страна од езероно!“ Тие го отпуштија народот и испловија со бротчето во кое седеше Исус. Ги придружуваа и други бротчиња. Одненадеж, голема бура го зафати езерото. Силни бранови удираа во бротчето и тоа беше во опасност да потоне. Исус беше на задниот дел од бротчето и спиеше на перница. Учениците Го разбудија, викајќи: „Учителе, зар не ти е грижа што ќе загинеме!?“ Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на брановите: „Смирете се!“ Ветрот запре и настапи длабока тишина. Потоа Исус им се обрати на учениците: „Зошто се исплашивте? Зар немате вера?“ А тие беа толку исплашени, што еден на друг си говореа: „Кој ќе е овој Човек кому и ветровите и брановите Му се покоруваат!?“ Исус и Неговите ученици пристигнаа на спротивниот брег на Галилејското Езеро, во пределот на градот Гераса. Тукушто излезе од бротчето, откај гробиштата во пресрет му тргна еден човек обземен со демонски духови. Човекот живеел по гробниците и никој веќе не бил во состојба ни со син?ири да го врзе. Честопати го врзувале со син?ири и му ставале окови, но тој секојпат ги кинел син?ирите и ги кршел оковите. Никој не можел да го скроти. Деноноќно престојувал на гробиштата и по ридовите, врескајќи и удирајќи се со камења. Кога уште оддалеку Го забележа Исуса, се стрча кон Него и клекна на колена. Потоа со силен глас Му рече: „Исусе, Сине на Севишниот Бог, што сакаш да ми сториш!? Те заколнувам во Божјото име, немој да ме мачиш!“ Тој го рече ова затоа што Исус веќе му беше наредил на демонскиот дух да излезе од човекот. Исус го праша: „Како се викаш?“ Човекот му одговори: „Се викам Легија, зашто во мене има цела легија демони!“ Потоа Го молеше Исуса да не ги брка од тој крај. Недалеку од нив, на ридот пасеше едно големо крдо свињи. Демонските духови Го молеа Исуса: „Испрати нe кај свињите, да се вселиме во нив!“ Исус им дозволи и демонските духови излегоа од човекот и влегоа во свињите. Целото крдо свињи, на број околу две илјади, јурна низ стрмнината право во езерото, при што сите свињи се удавија. Свињарите се разбегаа и разгласија за ова по градот и по селата, така што народот излезе да види што се случило. Кога дојдоа до Исус и го видоа човекот кој порано беше обземен од легија демони како седи облечен и со здрав ум, многу се исплашија. Откако очевидците им раскажаа за она што се случи со човекот и со свињите, луѓето Го замолија Исуса да си оди од нивниот крај. Кога Исус се враќаше на бротчето, човекот кој дотогаш беше обземен од демони Го молеше и тој да тргне со Него. Но Исус не му дозволи, туку му рече: „Оди си дома и кажи им на твоите роднини што стори Господ за тебе со Своето милосрдие.“ Тогаш тој си замина и патуваше по пределот на Декаполис и на сите им раскажуваше за она што Исус го стори за него. И секој што ќе чуеше се восхитуваше. Уште еднаш Исус отплови на спротивната страна од Галилејското Езеро. Тукушто излезе на брегот, многуброен народ се насобра околу Него. Тогаш Му пристапи началникот на тамошната синагога, по име Јаир, клекна на колена и почна сесрдно да Го моли: „Ќерката ми е на умирање! Дојди, положи раце врз неа за да оздрави и да живее!“ Тогаш Исус тргна со Јаир, а многуброен народ ги следеше, туркајќи се околу Него. Меѓу народот имаше една жена која крвавела веќе дванаесет години. Се намачила одејќи по лекари на кои го потрошила сиот свој имот, но напразно - состојбата уште повеќе и се влошувала. Оваа жена слушала што се зборува за Исус. Крадешкум, таа се доближи до Исус одзади и се допре до Неговата облека. Зашто, во себе си велеше: „Само да се допрам до Неговата облека - ќе оздравам!“ Крвавењето веднаш и запре и таа почувствува дека нејзиното тело оздраве. Во истиот момент и Исус почувствува дека од Него излезе исцелителна сила. Обраќајќи му се на народот, запраша: „Кој се допре до мојата облека?“ Учениците Му одговорија: „Гледаш колку народ се турка околу Тебе и прашуваш кој Те допрел!?“ Но Исус се сврте да види кој Го допре. Жената, тресејќи се од страв и знаејќи што се случи со неа, клекна на колена пред Него и Му ја кажа целата вистина. Исус и рече: „Ќерко! Ти оздраве врз основа на твојата вера. Оди си спокојна и здрава.“ Додека Исус зборуваше, пристигнаа некои од роднините на Јаир и му рекоа: „Ќерка ти умре; не додевај Му повеќе на Учителот!“ Исус слушна што рекоа луѓето, но му рече на Јаир: „Само верувај Ми и не плаши се!“ Исус не му дозволи никому да дојде со Него, освен на Петар и на двајцата браќа Јаков и Јован, следбеници на Исус. Кога стигнаа во куќата на Јаир, Исус забележа дека луѓето плачат и лелекаат на цел глас. Влегувајќи внатре, Исус им рече: „Зошто плачете и лелекате? Девојчето не е мртво, туку спие!“ Тие на тоа Му се подбиваа. Исус нареди сите да излезат надвор, а внатре ги задржа само таткото и мајката на девојчето и тројцата Свои ученици кои Го придружуваа. Влегоа кај девојчето. Исус го фати за рака и рече: „Талита, куми!“ Ова на арамејски јазик значи: „Девојче, стани!“ Девојчето веднаш стана и одеше. Тоа имаше дванаесет години. Сите беа вчудовидени! Но Исус им нареди за ова никому да не кажуваат. Потоа им рече: „Дајте му на девојчето нешто да јаде.“ Исус си замина оттаму и заедно со Своите ученици се врати во својот град. Во саботата Тој отиде во синагогата да поучува. Многуброен народ занесно Го слушаше, прашувајќи се: „Од каде го знае сето ова? Од каде Му е оваа мудрост и моќ да прави чуда? Не ли е ова дрводелецот - синот на Марија, братот на Јаков, Јосиф, Јуда и Симон? Нели сестрите Негови и денес живеат меѓу нас!?“ Така, жителите на Назарет со сомневање гледаа на Исус. Затоа Исус им рече: „Пророкот добива признание отсекаде, освен од својот град, од своите роднини и од своето семејство!“ Таму не можеше да направи многу чуда, освен што исцели неколку болни, допирајќи ги со Своите раце. Остана изненаден од нивната неверба. Исус одеше по околните села и поучуваше. Потоа ги повика Дванаесетте апостоли и ги испрати по двајца, давајќи им моќ да изгонуваат демонски духови. Им ги даде следниве упатства: „Патувајте само со стап во рацете. Не носете со себе ни храна, ни торба, ни пари. Носете сандали, но не и резервна облека. Кога ќе ве прими некое семејство, останете кај него сe додека не си заминете од тој град. Ако некое место не сака да ве прими и да ве слуша, одете си оттаму и истресете им го и правот од сандалите, како знак на осуда за нив.“ Тогаш апостолите заминаа и им проповедаа на луѓето да Му се вратат на Бог. Изгонуваа многу демонски духови и исцелуваа голем број болни, премачкувајќи ги со маслиново масло. За Исус насекаде се зборуваше, така што и царот Ирод слушна за Него. Се ширеше глас дека всушност Јован Крстител оживеал од мртвите и дека затоа преку Него дејствуваат чудотворни сили. Други говореа дека Исус е пророкот Илија или некој друг од древните пророци. Но самиот Ирод, откако слушна за Исус, рече: „Ова мора да е Јован Крстител! Јас му ја отсеков главата, а тој воскреснал!“ Имено, Ирод беше заповедал да го уапсат Јована и окован да го фрлат в затвор, сe заради Иродијада, жената на Филип, братот на Ирод, која Ирод ја беше зел за своја жена. Јован постојано му зборуваше на Ирод: „Немаш право да ја присвојуваш жената на брат ти!“ Поради ова, Иродијада го беше намразила Јована и сакаше да го убие, но немаше погодна можност. Ирод, пак, се плашеше од Јован и го заштитуваше, бидејќи знаеше дека тој е праведен и богопосветен човек. Иако Ирод често беше вознемирен од она што го зборуваше Јован, сепак честопати и со задоволство го слушаше. Но Иродијада начека погоден момент кога Ирод приреди свечен прием по повод својот роденден и ги покани своите високи службеници, воени старешини и видни личности од покраината Галилеја. Тогаш влезе ќерката на Иродијада и танцуваше пред Ирод и неговите гости. Сите беа одушевени и Ирод и рече: „Ќе ти дадам сe што ќе посакаш! Ти ветувам пред сите дека, ако посакаш и половина од моето царство, ќе ти го дадам!“ Таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ Советот на мајка и беше: „Барај ја главата на Јован Крстител!“ Девојката брзајќи се врати кај Ирод и му рече: „Ја сакам главата на Јован Крстител на послужавник, и тоа веднаш!“ На царот му падна тешко, но не сакаше да си го прекрши ветувањето што го беше дал пред гостите. Затоа тој веднаш го испрати ?елатот да му ја донесе главата на Јован. Овој отиде, му ја отсече главата на Јован во затворот и на послужавник и ја донесе на девојката, која и ја предаде на мајка си. Кога учениците на Јован разбраа дека тој е погубен, го зедоа неговото тело и го погребаа. Апостолите повторно се собраа кај Исус и почнаа да Му раскажуваат за делата и поуките што ги извршиле. Но многу народ постојано доаѓаше и си заминуваше, така што апостолите немаа време ни да јадат. Затоа Исус им рече: „Дојдете, ќе отидеме на некое тивко место, па да можете малку да се одморите!“ Тргнаа со бротче на едно такво место, но голем број луѓе видоа во кој правец отпловија, па побрзаа пеш од сите краишта и први втасаа таму. Кога Исус излезе од бротчето, виде голема толпа народ, која прилегаше на стадо овци без пастир. Му падна жал за луѓето, па почна да ги поучува за многу нешта. Во приквечерината кај Исус дојдоа Неговите ученици и Му рекоа: „Местово е пусто, а веќе е доцна. Пушти ги луѓето да отидат по околните села и земјоделски имоти, за да си купат храна!“ „Дајте им вие нешто да јадат“ - им одговори Исус.“ Но тие му рекоа: „Да се купи леб за сиот овој народ, би ни требале повеќе од двесте денарии!“ „Одете и проверете колку лебови имате“ - им рече Исус. Откако проверија, Му рекоа: „Имаме пет леба и две риби!“ Тогаш Исус им даде упатства на учениците да ги поседнат луѓето на тревата, во групи. Луѓето седнаа во групи од по сто и по педесет. Исус ги зеде петте леба и двете риби, го поткрена погледот кон небото, ги благослови лебовите и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците кои им ги даваа на луѓето. На ист начин им делеше на сите и од двете риби. Сите јадеа до наситување, а учениците собраа и дванаесет полни кошници со парчиња што преостанаа од лебот и од рибите. Оние што јадеа беа на број околу пет илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата. Веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да се качат на бротчето и да отпловат на спротивната страна, кон Бетцаида, додека Тој да го отпушти народот. Кога го испрати народот, Исус се искачи на гората за да се моли. Доцна вечерта, додека Тој сe уште беше сам на копното, бротчето се наоѓаше некаде сред езерото. Ги виде Своите ученици како се мачат, веслајќи спроти ветрот. Околу четири часот наутро, Исус се упати кон нив, одејќи по површината на езерото, со намера да им се придружи. Кога учениците Го видоа како оди по водата, помислија дека е дух, па од страв почнаа да викаат. Сите Го видоа и многу се исплашија. Но Тој веднаш им проговори: „Не плашете се, Јас сум! Смирете се!“ Потоа влезе кај нив, во бротчето, и ветрот наеднаш стивна. Учениците останаа наполно збунети! Умовите им беа заслепени и не го сфатија значењето на претходната случка со лебовите. Исус и Неговите ученици го препловија езерото и пристигнаа на брегот кај градот Генисарет. Кога излегоа од бротчето, луѓето Го препознаа Исуса. Се растрчаа по целиот крај, донесувајќи му болни на носила, откако ќе утврдеа на кое место се наоѓа Тој. Во кое село, град или населба Исус ќе влезеше, на пазарите и по улиците, луѓето Му носеа болни и Го молеа да им дозволи барем да ја допрат Неговата наметка. И секој што ќе Го допреше, оздравуваше. Околу Исус се насобраа неколку фарисеи и вероучители, дојдени од Ерусалим. Тие забележаа дека Исусовите ученици не го практикуваат ритуалното миење на рацете пред јадење. Имено, фарисеите, па и сите Евреи, држејќи се до преданијата од своите предци, не седнуваат да јадат додека ритуално не си ги измијат рацете до лактите; кога се враќаат од пазар, не јадат додека ритуално не се измијат, а се држат и до многу други преданија, како што се ритуалното миење чаши, стомни и други садови. Затоа, фарисеите и вероучителите Го прашаа Исуса: „Зошто Твоите следбеници не постапуваат според преданијата од старите и седнуваат да јадат без ритуално да си ги измијат рацете?“ Исус им одговори: „Лицемери! Убаво рекол за вас Бог, преку пророкот Исаија: ,Овој народ Ме почитува со устата, но срцето му е далеку од Мене! Се залажуваат дека Ме почитуваат, а всушност ги шират своите човечки обичаи како да се Мои заповеди!‘ Вие ги оставивте Божјите заповеди, а ги чувате човечките преданија! Лукаво ги укинувате Божјите заповеди за да ги чувате своите преданија! Зар Мојсеј не ви заповеда да ги исполнувате обврските спрема своите родители, и со смрт да го казните оној што ќе ги проколне мајка си или татко си? А вие ги учите луѓето дека е доволно да го ветат својот имот на црквата, како подарок за Бог, со што ќе се ослободат од обврската да се грижат за своите родители! Значи, укинувате Божја заповед за да ги воведете своите преданија! И многу други вакви работи правите!“ Тогаш Исус повторно го повика народот кај Себе и му рече: „Слушајте Ме внимателно и со расудување! Ниедна храна што ја јадете нема духовно да ве опогани, туку лошите зборови и постапки ве опогануваат!“ (Кој има уши, нека слуша!) Кога Исус се раздели од народот, влезе во една куќа, а Неговите ученици Го прашаа за значењето на споредбата. А Тој им рече: „Зар и вие сe уште не разбирате? Зар не сфаќате дека храната што ја јадете духовно не ве опоганува, зашто таа не влегува во срцето, туку во стомакот, и оттаму се исфрла!?“ Со ова Исус го одобри секој вид храна. Потоа продолжи: „Човекот духовно се опоганува од она што излегува од него. Зашто, однатре, од човековото срце, излегуваат грешните мисли кои водат кон неморал, кражби, убиства, брачни неверства, алчност, лошотија, измами, завист, навреди, горделивост и безумија. Сите овие лоши работи излегуваат однатре и тие се што го опогануваат човекот.“ Заминувајќи си оттаму, Исус отиде во пределот на градовите Тир и Сидон. Се смести во една куќа и се трудеше никој да не дознае за тоа, но не можеше да остане во тајност. Една жена, чија ќерка беше обземена од демонски дух, дозна каде е Исус. Веднаш дојде кај Него и падна на колена. Жената беше Гркинка, родум од областа Феникија, во Сирија. Таа Го замоли Исуса да ја ослободи нејзината ќерка од демонот. Но Исус и рече: „Дозволи најпрво Божјите избрани деца, Израелците, да се нахранат! Не е право да им се одземе лебот на децата и да им се даде на кучињата!“ „Така е, Господине, но и кучињата под масата ги јадат трошките што им паѓаат на децата!“ – Му одговори таа. Тогаш Исус и рече: „За ваквиот одговор, оди си, ќерка ти веќе ја излекував од демонскиот дух!“ Кога жената се врати дома, ќерка и лежеше в постела излекувана од демонскиот дух. Враќајќи се од месноста околу градот Тир, преку градот Сидон, Исус се упати назад кон Галилејското Езеро, во подрачјето на Декаполис. Му донесоа еден глувонем човек и луѓето Го молеа да го излекува со Својот допир. Исус го тргна човекот настрана и со Своите прсти му ги допре ушите. Потоа со плунка на прстите му го намачка јазикот. Со поглед кон небото и со длабока воздишка, Исус рече: „Хипатах!“ - што на арамејски јазик значи: „Отвори се!“ Слухот на човекот веднаш му се отвори, а во исто време почна јасно и разбирливо да зборува. Исус им нареди никому да не кажуваат за ова. Но, колку повеќе им забрануваше, толку повеќе тие зборуваа за тоа. Сите беа исполнети со восхит и говореа: „Сe што прави Тој е добро! На глувите им дава слух, а на немите моќ на говор!“ Набргу потоа, многуброен народ одново се насобра околу Исус. Луѓето не носеа храна со себе, па Исус ги повика Своите ученици и им рече: „Жал ми е за луѓево; веќе три дена постојано се со Мене, а немаат храна. Некои од нив живеат далеку и ако ги пуштам да си одат гладни, ќе премалат по патот!“ Учениците Му одговорија: „Местово е пусто; каде ќе најдеме храна да нахраниме толку народ!?“ „Колку леба имате?“ - ги праша Исус. „Седум леба“ - одговорија тие. Откако Исус го поседна народот по земјата, ги зеде седумте леба и ги благослови. Потоа ги раскрши на парчиња и им ги подаваше на учениците да му ги разделуваат на народот. Имаа и малку риби и откако Исус ги благослови и нив, им рече на учениците да им ги разделат на луѓето. Сите се најадоа до наситување, а собраа и седум кошници остатоци од храната. Присутните беа на број околу четири илјади души. По ова, Исус го испрати народот да си оди. Веднаш потоа, придружуван од Своите ученици, Исус се качи на едно бротче и отплови во месноста Далманута. Група фарисеи дојдоа кај Исус и почнаа да се расправаат со Него. Со намера да Го искушуваат, тие бараа од Него да им изведе некое чудо со кое ќе докаже дека Тој доаѓа од небото. Исус длабоко воздивна и рече: „Зошто постојано барате некаков чудотворен знак? Ве уверувам дека на вашата генерација таков знак нема да и се даде!“ Потоа ги остави, се качи на бротчето и отплови на спротивната страна од езерото. Учениците на Исус заборавија да понесат леб со себе; во бротчето имаа само еден леб. Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од квасецот на фарисеите и на Ирод!“ Разговарајќи меѓу себе, учениците заклучија: „Ни приговара зашто заборавивме да земеме леб!“ Но Исус, знаејќи што мислат, им рече: „Зошто го поврзувате ова со тоа што немате леб!? Како не можете веќе да сфатите!? Зар умовите ви се заспани!? Имајќи си очи, не гледате, и имајќи си уши, не слушате! Помните ли колку кошници ви останаа кога со пет леба нахранив пет илјади души?“ Тие Му одговорија: „Дванаесет!“ Исус продолжи: „А колку кошници ви останаа кога со седум леба нахранив четири илјади души?“ Тие Му одговорија: „Седум!“ „Сe уште не разбирате, нели?“ - им рече Исус. Кога Исус и Неговите ученици отидоа во селото Бетцаида, некои луѓе Му донесоа еден слеп човек и Го молеа со допир да го излекува. Исус го фати за рака и го изведе надвор од селото. Потоа со плунка му ги намачка очите и го праша дали нешто гледа. Човекот го поткрена погледот и рече: „Гледам луѓе, но ги гледам нејасно како дрвја во движење.“ Со Своите раце Исус повторно му ги допре очите. Тогаш човекот наполно прогледа и сe гледаше јасно. Исус му рече: „Сега можеш да си одиш дома, но не наминувај во селото да раскажуваш за ова!“ Исус и Неговите ученици заминаа по селата во околината на градот Цезареја Филипова. Додека патуваа, Исус ги запраша: „За кого Ме сметаат луѓето?“ Учениците одговорија: „Едни мислат дека си Јован Крстител или пророкот Илија; други мислат дека си некој од древните пророци.“ Тогаш Исус ги праша: „А за кого Ме сметате вие?“ Петар одговори: „Ти си Месијата!“ Исус им забрани да им кажуваат на луѓето за Него. Оттогаш Исус почна да им кажува што сe ќе се случи со Него. Им кажа дека Него, Синот Човечки, Го очекуваат големи страдања, дека Тој ќе биде отфрлен од народните водачи, од свештеничките поглавари и од вероучителите, дека тие ќе Го убијат, но и дека по три дни Тој ќе воскресне. За сето ова им говореше многу отворено. Тогаш Петар Го повлече Исуса настрана, укорувајќи Го дека така зборува. Исус се сврте кон Своите ученици, а потоа со строг глас му рече на Петар: „Бегај од Мене, Сатано! Тоа што го велиш е човечко размислување, а не Божјо!“ Тогаш Исус ги повика Своите ученици и народот поблиску до Себе и им рече: “Тој што сака да стане Мој следбеник треба да се откаже од своите себични амбиции, да си го понесе својот крст и да тргне по Моите стапки. Зашто, секој што сака да си го запази животот само за себе - ќе го загуби; а ако Ми го посвети Мене и на Евангелието - ќе го зачува. Каква ќе му биде ползата на човекот, ако и сиот свет го добие, а својата душа ја загуби!? Има ли нешто повредно од твојата душа? Нема причина да се срамите од Мене и од Моето учење пред овој неверен и грешен свет, зашто инаку и Јас, Синот Човечки, ќе се засрамам од вас кога ќе се вратам во сета слава на Мојот небесен Татко, во придружба на светите ангели!“ Во продолжение Исус рече: „Ве уверувам дека меѓу овде присутните има некои што ќе го видат стапувањето во сила на Божјото царство уште пред да умрат!“ Шест дена по ова, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги поведе насамо на една висока планина. Таму, пред нивните очи Тој се преобрази, така што облеката му стана блескаво-бела, како што не би можела да се избели со ниедно белило на Земјата! Заедно со Него се појавија и Мојсеј и пророкот Илија кои разговараа со Исус. Тогаш Петар Му рече на Исус: „Учителе! Колку ни е убаво овде! Да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ Ова го рече не знаејќи што друго да каже, зашто тие беа многу исплашени. Во тој момент ги засени еден густ облак, а од облакот проговори глас: „Ова е Мојот Син, Мојот Љубимец; Него слушајте Го.“ Учениците тогаш се обѕрнаа околу себе, но Го видоа само Исуса и никој друг. Додека слегуваа од планината, Исус им рече: „Никому не кажувајте му за ова што го видовте, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.“ Тие Го послушаа, но меѓу себе се прашуваа: „Што сакаше да каже со воскреснувањето од мртвите?“ Потоа учениците Го прашаа Исуса: „Зошто вероучителите велат дека пред да се појави Месијата, треба да дојде Илија?“ Исус им одговори: „Бездруго, најпрво ќе дојде Илија, за да подготви сe. Но, зар Светото Писмо не го вели и тоа дека Синот Човечки многу ќе настрада и дека ќе биде отфрлен? Ве уверувам дека Илија веќе дојде, но луѓето постапија со него како што сакаа - токму како што е претскажано во Светото Писмо!“ Кога Исус и тројцата Негови ученици се вратија кај другите ученици, забележаа голема толпа народ и вероучители како се расправаат со нив. Луѓето се изненадија при појавата на Исус и веднаш Му потрчаа во пресрет да Го поздрават. Исус ги запраша: „За што се расправавте?“ Еден човек од народот Му одговори: „Учителе! Го носев син ми кај Тебе. Обземен е од демонски дух и нем е. Кога ќе добие напад паѓа наземи, устата му пени, крцка со забите и се вкочанува. Ги замолив Твоите ученици да го ослободат од демонскиот дух, но тие не можеа.“ Тогаш Исус рече: „Ах, безверен народе! До кога ќе морам да бидам со вас и да ве поднесувам!? Доведете го момчето кај Мене!“ Го доведоа момчето. Кога демонскиот дух во него Го виде Исуса, веднаш го нападна момчето: тресејќи се, момчето падна на земјата, почна да се валка, а од устата му излегуваше пена. Исус го праша таткото на момчето: “Од кога му е вака?“ “Уште од детството“ - одговори таткото. „Демонот во него честопати се обидува да го убие, фрлајќи го во оган или во вода. Ако можеш, те молам, смилувај ни се и помогни ни!“ „Зошто велиш: ?Ако можеш‘? Нема ништо невозможно за оној што има вера!“ - му одговори Исус. Со силен глас, таткото извика: „Верувам, но помогни ми да не се сомневам!“ Кога Исус виде дека сe повеќе народ се собира, со строг глас му нареди на глувонемиот дух да излезе од момчето и никогаш повеќе да не се врати во него. Демонскиот дух вресна, силно го стресе момчето и излезе од него. Момчето за миг изгледаше како да е мртво, а така мислеа и насобраните луѓе. Но Исус го фати за рака и го исправи. Момчето застана на своите нозе. Кога Исус се врати дома, Неговите ученици насамо Го запрашаа: „Зошто ние не можевме да го истераме демонскиот дух?“ Исус им одговори: „Овој вид демони можат да се избркаат само со молитва.“ Заминувајќи си оттаму, Исус и Неговите ученици патуваа низ покраината Галилеја. Исус не сакаше никој да дознае за тоа. Тој сакаше да го мине времето поучувајќи ги само Своите ученици. Им зборуваше дека Тој, Синот Човечки, ќе им биде предаден на луѓето и дека тие ќе Го погубат, но и тоа дека три дена по погубувањето Тој ќе воскресне од мртвите. Тие не сфаќаа за што зборува, а се плашеа да Го распрашуваат околу тоа. Потоа Исус и Неговите ученици отидоа во Неговата куќа во градот Кафарнаум. Таму, во куќата, Исус ги праша: „За што се расправавте по патот?“ Тие молчеа, бидејќи расправијата беше околу тоа, кој од нив е најважен. Седнувајќи, Исус ги повика дванаесеттемина Свои ученици да се соберат околу Него, па им рече: „Тој што сака почесно место меѓу вас, треба да им биде како слуга на сите!“ Потоа Исус повика едно дете, го исправи пред нив, го гушна и рече: „Секој што во Мое име ќе прифати едно од овие деца, Ме прифаќа Мене. Прифаќајќи Ме Мене, Го прифаќа и Оној што Ме испрати.“ Јован Му рече на Исус: „Учителе, сретнавме еден човек кој се користи со Твоето име и изгонува демони. Да му забраниме да го прави тоа, бидејќи тој не и припаѓа на нашата група!“ Но Исус им одговори на Своите ученици: „Немојте да му забранувате! Тој што извршува чуда во Мое име, нема толку лесно да се сврти против Мене. Кој не е против нас, тој е за нас. Ве уверувам дека секој што ќе ви даде макар и чаша вода во Мое име, заради тоа што сте следбеници на Месијата, несомнено ќе биде награден.“ „Ако некој биде причинител за отстапување од верата во Мене на едно од овие најмаливе, подобро би му било да си стави воденички камен околу вратот и да се удави на дното од морето! Ако твојата рака те наведува на грев - отсечи ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една рака, отколку со двете раце да завршиш во пеколот - во вечниот оган! -- Ако твојата нога те наведува на грев - отсечи ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една нога, отколку со две да бидеш фрлен во пеколот! -- Ако твоето око те наведува на грев - ископај го! Подобро е да влезеш во Божјото царство со едно око, отколку со две очи да бидеш фрлен во пеколот. Таму црвот не престанува да гризе и огнот не престанува да гори! Имено, секој ќе биде со оган ?посолен‘. Солта е добра, но ако солта облутави, како ќе и го вратите солениот вкус? Имајте ги својствата на солта во меѓусебните односи и ќе живеете во мир еден со друг.“ Потоа Исус замина од Кафарнаум и дојде на југ, во Јудеја, од источната страна на реката Јордан. Повторно многуброен народ се слеваше кон Него и Тој го поучуваше, како и обично. Некои од фарисеите сакаа да Му постават замка, па дојдоа кај Него и Го прашаа: „Дозволено ли е мажот да се разведе од својата жена?“ Исус ги праша: „Што вели Мојсеевиот Закон за тоа?“ Тие одговорија: „Мојсеј дозволува да и се напише потврда за развод на жената и таа да се отпушти.“ Исус им рече: „Мојсеј ви го допушти тоа бидејќи сте со закоравени срца. Во почетокот Бог создаде маж и жена. При стапување во брак човекот се одвојува од својот татко и од својата мајка и се присоединува кон својата жена. Тогаш двајцата стануваат едно тело. Значи, тие не се повеќе две тела, туку едно тело. Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак.“ Кога се вратија во куќата, учениците повторно Го прашаа Исуса за тоа. Тој им рече: „Тој што се разведува од својата жена и се оженува со друга, извршува прељуба против првата. Така и жената што ќе се разведе од својот маж и ќе се омажи за друг, извршува прељуба.“ Некои луѓе ги носеа своите деца кај Исус за да ги прегрне и да ги благослови. Учениците, пак, ги одвраќаа. Кога Исус го забележа тоа, ги прекори учениците и им рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај Мене! Не попречувајте им, зашто на таквите како нив им припаѓа Божјото царство! Ве уверувам дека нема да влезете во Божјото царство, доколку не го прифатите со вера каква што имаат малите деца!“ Потоа Исус ги гушна децата и ги благослови, положувајќи ги Своите раце врз нивните глави. Кога Исус излегуваше кон патот, Му притрча еден човек, клекна на колена и Го праша: „Добар Учителе! Што треба да правам за да се здобијам со вечен живот?“ Исус му одговори: „Зошто Ме нарекуваш ,добар‘? Само Бог е добар! Ги знаеш Божјите заповеди: Не убивај, не врши прељуби, не кради, не зборувај лаги за другите, не мами, почитувај ги мајка си и татка си ...“ Човекот Му одговори: „Учителе! Кон сите овие заповеди се придржувам уште од детството!“ Тогаш Исус милно го погледна и му рече: „Има уште едно нешто што треба да го направиш: оди, продај го сиот свој имот и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе добиеш имот на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“ Кога го чу ова, човекот си замина разочаран и тажен, бидејќи поседуваше голем имот. Исус погледна наоколу и им се обрати на Своите ученици: „Колку им е тешко на богатите да влезат во Божјото царство!“ Учениците се изненадија од овие зборови, но Исус продолжи: „Чеда! Тешко се влегува во Божјото царство! Полесно камила ќе се спровре низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во Божјото царство!“ Учениците уште повеќе се збунија, па почнаа да си шепотат еден на друг: „Тогаш, кој може да се спаси!?“ Исус впечатливо ги погледна и им рече: „За луѓето е невозможно, но за Бог нема ништо невозможно!“ Петар Му рече: „Ете, ние оставивме сe и станавме Твои следбеници!“ Исус му одговори: „Ве уверувам дека секој што заради Мене и Евангелието оставил куќа, или браќа, или сестри, или мајка, или татко, или деца, или земја, ќе биде награден. Веќе на овој свет, таквиот ќе добие стопати повеќе куќи, браќа, сестри, мајки, деца, земја ... иако ќе има и прогонства. А во идниот свет ќе има вечен живот. Но мнозина кои сега се први, ќе бидат последни, а мнозина кои сега се последни, ќе бидат први.“ Учениците беа збунети кога Исус ги поведе кон Ерусалим, а останатите Негови следбеници беа исплашени. Уште еднаш, Исус ги повика кај Себе дванаесеттемина Свои ученици и почна да им објаснува што сe ќе Му се случи: „Сега се искачуваме кон Ерусалим. Таму Мене, Синот Човечки, ќе Ме предадат на свештеничките поглавари и на вероучителите. Тие ќе Ме осудат на смрт и ќе Ме предадат на Римјаните, кои ќе се подбиваат со Мене, ќе Ме плукаат, ќе Ме камшикуваат и ќе Ме погубат. Но по три дена, Јас ќе воскреснам!“ Завдаевите синови Јаков и Јован дојдоа кај Исус и Му рекоа: „Учителе, сакаме да те замолиме да ни исполниш една желба!“ „Што сакате да сторам за вас?“ - ги праша Исус. Тие Му одговорија: „Кога ќе седнеш на престолот во Твоето славно Царство, ние би сакале почесни места: едниот од нас да седи од Твојата десна страна, а другиот од левата!“ Исус им рече: „Не знаете што барате! Можете ли вие да пиете од чашата на Моите страдања од која Јас наскоро ќе морам да пијам, и да се крстите со страдалничкото крштавање со кое Јас ќе се крстам!?“ „Можеме!“ - одговорија тие. Тогаш Исус им рече: „Ќе пиете од чашата од која Јас ќе пијам и ќе бидете крстени како и Јас. Но не Сум Јас Тој што решава кој ќе седи од Мојата десна, а кој од Мојата лева страна. Тие места ќе им припаднат на оние за кои Бог ги приготвил.“ Кога останатите десетмина слушнаа за ова, им се налутија на Јаков и на Јован. Затоа Исус ги повика сите заедно, и им рече: „Знаете дека оние што се прогласуваат за цареви владеат сурово над народите, а поставуваат и свои високи службеници кои ја користат својата власт над луѓето. Но меѓу вас не треба да биде така! Тој што сака да биде најголем меѓу вас, нека им служи на сите! Тој што сака да биде прв меѓу вас, нека им биде на услуга на сите, зашто и Јас, Синот Човечки, не дојдов на светот за да Ми служат, туку да им служам на луѓето и да го дадам Својот живот како откупнина за мнозина!“ Исус и Неговите ученици пристигнаа во градот Јерихо. На излегување од градот многуброен народ одеше по нив. Покрај патот седеше еден слеп питач, по име Бартимеј - син на Тимеј. Кога слушна дека овде минува Исус Назареќанецот, тој почна да вика: „Исусе, Сине Давидов, покажи милост спрема мене!“ Мнозина се обидуваа да го замолкнат, но тој уште погласно викаше: „Сине Давидов, покажи милост спрема мене!“ Исус застана и рече: „Викнете го овде!“ Луѓето го повикаа слепиот и му говореа: „Не плаши се, дојди, Тој те вика!“ Човекот го фрли своето палто, рипна и потрча кон Исус. „Што сакаш да сторам за тебе?“ - го праша Исус. Слепиот одговори: „Учителе, сакам да прогледам!“ Исус му рече: „В ред; твојата вера те исцели!“ Човекот веднаш прогледа и Му се придружи на Исус. На пат кон Ерусалим, Исус и Неговите ученици пристигнаа во Бетфага и Бетанија, во близина на Маслиновата Гора. Исус испрати двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во селото што е пред вас. На самиот влез во селото ќе видите врзано едно младо магаре што досега не е јавано. Одврзете го и донесете го овде. Ако некој ве праша: ,Што правите?‘, кажете му: ,Му треба на Господ, и Тој бргу ќе го врати!‘“ Тие отидоа и го најдоа магаренцето врзано до една врата, покрај патот, и го одврзаа. Некои од луѓето што стоеја таму, ги прашаа: „Зошто го одврзувате магаренцето!?“ Им одговорија како што им рече Исус и тие ги оставија на мира. Учениците Му го донесоа магаренцето на Исус, ги положија своите облеки врз магарето, а Тој се качи на него. Голем број луѓе постилаа облеки по патот, а други постилаа разлистени гранчиња што ги кршеа по полето. Луѓе одеа и пред Исус и по Исус и гласно викаа: „Спаси нe сега! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! Благословено да биде царството на нашиот прататко Давид - царството што ни доаѓа! Спаси нe сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“ Така Исус влезе во Ерусалим и отиде во храмот, разгледа сe наоколу, но бидејќи веќе беше доцна, се врати со дванаесеттемина во Бетанија. Утредента, кога излегуваа од Бетанија, Исус огладне. Од далечина забележа една разлистена смоква крај патот и се упати кон неа да види дали има плодови. Кога дојде, не најде плодови, туку само лисје, зашто сe уште не беше време за смокви. Исус му се обрати на дрвото: „Од тебе никој веќе никогаш да не јаде плодови!“ Ова го слушнаа Неговите ученици. Исус и Неговите ученици дојдоа пак во Ерусалим. Влегувајќи во Божјиот храм, Исус почна да ги отстранува сите луѓе кои во храмот вршеа купопродажби. Им ги испреврте масите на менувачите на пари и тезгите на оние што продаваа гулаби. Не дозволи никој ништо да пренесува низ храмот. Потоа ги поучуваше, велејќи: „Зар Бог во Светото Писмо не ви напиша: ,Мојот храм нека биде место за молитва на сите народи!?‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“ Ова им дојде до ушите на свештеничките поглавари и на вероучителите кои почнаа да планираат како да Го убијат Исуса. Тие се плашеа од Него, бидејќи целиот народ беше одушевен од Неговите поуки. Кога се стемни, Исус и Неговите ученици се повлекоа од градот. Рано изутрината, минувајќи крај смоквата, учениците на Исус забележаа дека таа од корен се исушила. Тогаш Петар се сети на случката и Му рече на Исус: „Погледни, Учителе! Смоквата што Ти ја проколна се исушила!“ Исус им рече: „Имајте вера во Бог! Ве уверувам дека, ако имате вера во Бог и не се сомневате, ќе можете да и кажете на оваа планина да се искорне и да се фрли во морето, и тоа ќе се случи. Ви велам: Сe што ќе побарате преку молитва ќе добиете, ако имате вера. Кога се молите, простувајте им на оние што се огрешиле против вас. Тогаш вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вашите гревови.“ (Но ако не им простувате на другите, и Бог вам нема да ви прости.) Исус и Неговите ученици повторно дојдоа во Ерусалим. Додека Исус шеташе по храмот, Му пристапија свештеничките поглавари, вероучителите и старешините и Го прашаа: „Со какво право го вршиш сето ова? Кој те овластил?“ Исус им одговори: „И Јас сакам нешто да ве прашам. Ако вие ми одговорите, тогаш и Јас ќе ви кажам кој Ме овластил да го правам сето ова. Кажете ми, од каде му беше овластувањето на Јован Крстител да крштава: од Бога или од луѓето?“ Тие почнаа меѓу себе да си шепотат вака: Ако речеме „од Бога“, тогаш ќе ни рече: „Ами, зошто не му поверувавте!?“ Ако пак речеме „од луѓето“, се плашиме од народот, зашто сиот народ го смета Јована за пророк. Затоа вака Му одговорија на Исус: „Не знаеме!“ Но Исус им рече: „Тогаш ни Јас нема да ви кажам со какво право го вршам сето ова!“ Тогаш Исус им ја кажа оваа споредба: “Еден човек си насади лозје, го загради со плот, ископа јама за гмечење на грозјето и изгради чуварска кула. Потоа им го даде лозјето под наем на лозарите, а тој замина на пат. Кога дојде време за гроздобер, тој испрати еден од своите слуги кај лозарите, за да му го донесе делот од бербата што му припаѓа како надомест. Но лозарите го фатија, го натепаа и го избркаа со празни раце. Тој повторно им испрати друг слуга, но тие го изудрија по главата и го изнавредија. Им испрати и трет слуга, но тие го убија. Потоа испрати и многу други слуги, но лозарите едни од нив претепаа, други убија. Му остана уште само еден: неговиот син-љубимец. На крајот им го испрати и него, сметајќи дека ќе имаат почит спрема него. Но лозарите си рекоа меѓу себе: ,Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘ И го фатија, го убија, а телото му го исфрлија надвор од лозјето. Што мислите, што ќе направи сопственикот на лозјето? - Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе им го даде на други лозари! Зар не сте го читале ова во Светото Писмо: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија стана камен-темелник! Тоа го направи Господ - како прекрасна глетка пред нашите очи!‘“ Еврејските водачи сфатија дека оваа споредба се однесува на нив и сакаа да Го уапсат, но се плашеа од народот. Затоа Го оставија и си заминаа. Потоа испратија кај Исус некои од фарисеите и од иродовците за да Го фатат да каже нешто за што ќе можат да Го обвинат. Доаѓајќи кај Него, му Го рекоа следново: „Учителе! Знаеме дека си чесен, дека не си пристрастен спрема никого и дека на луѓето им ја кажуваш вистината за Божјиот пат. Кажи ни, право ли е да му плаќаме данок на римскиот император, или не?“ Исус го проѕре нивното лукавство, па им одговори: „Зошто сакате да Ми поставите стапица? Дајте Ми еден римски денариј да го видам!“ Кога Му подадоа, Тој ги запраша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“ „На императорот!“ - му одговорија тие. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“ Тогаш кај Исус дојдоа некои садукеи (тие тврдат дека нема да има воскресение на мртвите) и Го прашаа: „Учителе! Мојсеј ни пропишал дека, доколку некој маж умре и остави зад себе вдовица без деца, живиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат. Си беа седуммина браќа, од кои првиот се ожени и умре без да има деца. Вториот брат се ожени со вдовицата на својот починат брат, но и тој умре без деца. Истото се случи и со третиот брат. Ниту еден од седумтемина не остави потомство. На крајот умре и жената. Кога ќе воскреснат од мртвите, чија жена ќе биде таа, со оглед на тоа што им била сопруга на сите седум браќа!?“ Исус им одговори: „Вие сте во заблуда, бидејќи не го знаете учењето на Светото Писмо! А не ја знаете ни Божјата сила! Кога луѓето ќе воскреснат од мртвите нема да бидат ни женети ни мажени. Тие ќе бидат како ангели на небото. А што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте читале во Мојсеевите книги за тоа како Бог му се јави на Мојсеј во разгорената грмушка и му рече: ,Јас Сум Бог на Кој Му служат Авраам, Исак и Јаков!‘ Значи, тие се живи, а не мртви, зашто Бог не е Бог на мртвите, туку на живите! Вие сте во голема заблуда!“ Тогаш кај Исус дојде еден вероучител, кој ја слушаше претходната расправа. Согледувајќи дека Исус добро им одговори на садукеите, Го праша: „Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“ Првата најважна заповед гласи: ,Слушајте Израелци: Вие имате само еден Господ и Бог! Сакајте Го Господ, вашиот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја снага!‘ Втората заповед е слична на првата, и гласи: ,Сакај го својот ближен како самиот себе!‘ Други заповеди, поважни од овие, нема. Вероучителот рече: „Добро, Учителе. Право кажа дека има само еден Бог. Да се сака Бог со сето срце, разум и снага и да се сака ближниот како самиот себе е повредно од секаков вид жртва!“ Кога Исус виде дека човекот даде умен одговор, му рече: „Не си далеку од Божјото царство!“ По ова, на Исус никој повеќе не се осмели да му поставува прашања. Подоцна, додека поучуваше во храмот, Исус рече: „Како можат вероучителите да тврдат дека Месијата му е син на Давид, кога самиот Давид, поттикнат од Светиот Дух, рекол: ,Му рече Јахве на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!‘ Ако самиот Давид Го нарекол Месијата свој Господ, како тогаш Месијата може да му биде син!?“ Многубројниот народ со одушевување го слушаше учењето на Исус. Продолжувајќи да поучува, Исус рече: „Пазете се од вероучителите! Тие уживаат да се шетаат во долги мантии и да бидат поздравувани на јавните места. Ги сакаат челните места во храмовите и почесните места на гозбите. Тие им го изедуваат имотот на вдовиците, а божем се молат со долги молитви! Тие ќе бидат најстрого судени!“ Исус седна во храмот спроти ковчежето за доброволни прилози и ги набљудуваше луѓето како пуштаат пари во него. Забележа дека голем број богати луѓе ставаа големи суми пари. Дојде и една сиромашна вдовица и пушти две парички. Исус ги повика Своите ученици и им рече: „Ве уверувам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите други! Зашто, сите други дадоа од својот вишок, а таа даде од својата немаштија; даде сe што имаше, целата своја издршка.“ Кога Исус излегуваше од храмот еден од Неговите ученици Му рече: „Учителе, погледни ги овие прекрасни камења - колку убава зграда е храмот!“ Во одговор, Исус му рече: „Ги гледаш ли овие големи градби? Сето тоа ќе биде разурнато и камен врз камен нема да остане!“ Подоцна, кога Исус седеше на падините од Маслиновата Гора, спроти храмот, Му пристапија насамо Петар, Јаков, Јован и Андреј, и Го прашаа: „Кажи ни, кога ќе се случат сите овие нешта и кој ќе биде знакот што ќе го навести нивното исполнување?“ Тогаш Исус почна да им кажува: “Внимавајте да не бидете заведени! Мнозина ќе доаѓаат под Моето име, ќе тврдат дека Сум тоа Јас и ќе успеат да заведат мнозина! Кога ќе слушате за војни и за повици на војни - не вознемирувајте се! Тоа мора најпрво да се случува, но тоа сe уште не е крајот. Ќе се крене еден народ против друг народ на војна и едно царство против друго царство. Ќе има земјотреси на разни места, и појави на глад меѓу луѓето. Ова ќе бидат почетоците на неволите.“ Исус продолжи: „Внимавајте на себе! Ќе ве тужат на судови и ќе ве тепаат во храмовите. Поради вашата вера во Мене, ќе ве изведуваат пред управници и пред владетели. Но тоа ќе биде за да им се посведочи и ним. А пред да дојде крајот, Радосната вест ќе им се проповеда на сите народи. Кога ќе ве притвораат, не грижете се однапред што ќе зборувате. Во тие моменти Бог ќе ви ги даде вистинските зборови што ќе треба да ги кажете. Зашто вашата одбрана нема да доаѓа од вас, туку од Светиот Дух. Браќа ќе се предаваат еден со друг и родители ќе ги предаваат своите деца на смрт. Децата ќе се креваат против родителите и ќе ги убиваат. Сите ќе ве мразат поради вашата вера во Мене. Само тие што ќе останат верни докрај ќе бидат спасени.“ Во продолжение Исус рече: „Кога ќе видите дека ,богохулникот што пустоши‘ се сместува таму каде што не би смеел (секој што го чита ова, треба да го разбере!), тогаш тие што живеат во Јудеја нека бегаат во планините! Кој ќе се најде искачен на покрив, нека не слегува во куќата за да земе нешто, а кој ќе се најде во полето, нека не се враќа дома по облека. Тоа време ќе биде страшно за бремените жени и за доилките! Молете се тоа да не се случи зиме! Тоа ќе биде време на такви страдања какви што немало од почетокот на Божјото создавање досега, ниту пак другпат ќе ги има! Кога Господ не би го скратил времетраењето на тие страдања, никој не би преживеал! Но заради избраниците Свои, Господ ќе го скрати тоа време. Ако тогаш некој ви рече: ,Еве Го Месијата овде!‘ или ,Ене Го онде!‘ - не верувајте му! Ќе се појават лажни месии и лажни пророци и ќе извршуваат чуда за да ги заведат по можност и Божјите избраници! Бидете внимателни! Ете, сe ви кажав однапред!“ Во тоа време, веднаш по тие неволи „Сонцето ќе потемни и Месечината ќе престане да свети. Ѕвезди ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се разнишаат.“ Тогаш ќе Ме видат Мене, Синот Човечки, како доаѓам на облаците со величествена моќ и слава. Тогаш ќе ги испратам Своите ангели да ги соберат Моите избраници од сите четири страни на светот, од крајот на Земјата, до крајот на небото.“ „Научете се од примерот со смоквата: кога гранките ќе и распупат и ќе и разлистаат, знаете дека наближува летото. Така, кога ќе забележите дека овие случки што ви ги опишав се одигруваат, знајте дека враќањето на Месијата е на прагот. Ве уверувам дека некои луѓе од оваа генерација сe уште ќе бидат живи, кога сите тие случки ќе се одиграат! Небото и Земјата ќе ги снема, но Моите зборови ќе останат! А што се однесува до точното време и час - тоа никој не го знае, дури ни ангелите на небото, па ни Синот Човечки, туку само небесниот Татко! Затоа, бидете духовно будни и подготвени, бидејќи не знаете кога точно ќе настапи тоа време! Враќањето на Месијата може да се спореди со човек кој заминува на пат и им ја предава грижата за куќата на своите слуги. На секој од нив му дава задолжение, а на чуварот му наредува да бдее. Значи, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе се врати господарот на куќата! Тој може да се врати навечер или на полноќ или во раните мугри кога петлите пеат! Да не ве изненади и затекне на спиење! Тоа што ви го велам вам, им го кажувам на сите: Бидете духовно будни!“ Имаше уште два дена до празниците Пасха и Бесквасници. Свештеничките поглавари и вероучителите бараа некој лукав начин да Го уапсат Исуса и да Го погубат. Но велеа: „Не за време на празниците, зашто народот ќе се побуни!“ Исус беше на вечера во Бетанија, во куќата на Симон, кој порано боледуваше од лепра. Таму дојде една жена, носејќи шише од алабастер полно со скапоцен нардов мирис. Таа го скрши шишето и го разлеа нардовиот мирис врз главата на Исус. Некои од гостите налутено реагираа, велејќи: „Зошто се растура овој скап мирис!? Можеше да се продаде за триста денарии и парите да им се разделат на сиромасите!“ Тие почнаа да ја укоруваат жената. Но Исус им рече: „Оставете ја жената на мира! Зошто ја карате!? Таа направи милосрдно дело спрема Мене. Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, и ќе можете да им помагате кога и да посакате. Но Јас нема да бидам уште долго време со вас. Таа направи сe што можеше - однапред го подготви Моето тело за погреб. Ве уверувам, дека, насекаде по светот, каде што ќе се проповеда Радосната вест, ќе се кажува и ова што таа го направи, за спомен на неа!“ Тогаш Јуда Искариот, кој беше еден од дванаесетте ученици на Исус, отиде кај свештеничките поглавари и се понуди да им Го предаде Исус. Тие се израдуваа на тоа и му ветија парична награда. Оттогаш Јуда бараше погоден момент да Го предаде Исуса. На првиот ден од празникот Бесквасници, кога се колеа пасхалните јагниња, учениците Го прашаа Исуса: „Каде би сакал да ја подготвиме пасхалната вечера?“ Исус им рече на двајца од Своите ученици: „Отидете во градот. Таму ќе сретнете еден човек како носи стомна со вода. Тргнете по него. Кога ќе влезе во куќата, речете му на домаќинот: ,Нашиот Учител прашува во која соба ќе може да ја одржи пасхалната вечера со Своите ученици?‘ Домаќинот ќе ви покаже една голема соба, на горниот кат, послана и подготвена. Пригответе ја вечерата таму.“ Двајцата ученици отидоа во градот и најдоа сe онака како што им беше рекол Исус. Таму ја приготвија пасхалната вечера. Вечерта, пристигна Исус со дванаесеттемина Свои ученици. За време на вечерата, Исус им рече: „Еден од вас што вечера со Мене, ќе Ме предаде.“ Тоа ги нажали учениците и тие почнаа еден по еден да Го прашуваат: „Да не мислиш дека тоа ќе бидам јас?“ Исус им одговори: „Ќе биде еден од вас дванаесеттемина што мака од иста чинија со Мене! Јас, Синот Човечки, ќе умрам, како што е претскажано за Мене. Но тешко си му на човекот што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! За тој човек, подобро ќе беше воопшто да не се родеше!“ За време на вечерата, Исус зеде леб, го благослови, го раскрши на парчиња и им го подаде на учениците, велејќи: „Земете, ова го претставува Моето тело.“ Потоа зеде чаша со вино, го благослови и им го подаде на учениците. Сите пиеја од него. Потоа им рече: „Тоа ја претставува Мојата крв - крв на Божјиот завет со вас, која се пролева за мнозина. Ви велам дека отсега нема повеќе да пијам од лозовиот плод сe додека одново не пијам во Божјото царство.“ Потоа испеаја псалми и заминаа на Маслиновата Гора. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Сите вие ќе Ме напуштите, како што е запишано: ,Ќе удрам по Пастирот и овците ќе се разбегаат!‘ Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја!“ Петар се огласи, велејќи: „Дури и ако сите други потклекнат, јас нема да потклекнам!“ Исус му одговори: „Те уверувам дека токму ти, уште ноќва, пред второто пеење на петлите, трипати ќе се откажеш од Мене!“ „Ни по цена да загинам со Тебе, јас нема да Те изневерам!“ - самоуверено рече Петар. Истото го велеа и сите други ученици. Заедно со Своите ученици, Исус дојде во местото Гетсемани и им рече: „Седете овде додека отидам да се помолам.“ Ги поведе со Себе Петар, Јаков и Јован. Длабоко потресен и нажален, им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте со Мене!“ Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли, доколку е можно, да биде поштеден од претстојните страдања. Се молеше вака: „Аба! Татко! За тебе сe е можно! Не дозволувај да страдам на ваков суров начин! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата!“ Кога Исус се врати кај Своите ученици, ги затекна како спијат, па му рече на Петар: „Зар спиеш, Симоне!? Не можеше ли да останеш буден еден час? Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа, зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“ Потоа Исус пак се оддалечи малку и продолжи да се моли со истата молитва. Кога повторно се врати, учениците и овојпат беа заспале; очите едноставно им се затвораа и не знаеја што да Му одговорат. Кога и по третпат се врати, Исус им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Доста беше! Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници. Станувајте, тргнуваме! Предавникот Мој е веќе овде!“ И веднаш, уште додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружен со мечеви и со стапови. Сите тие беа испратени од свештеничките поглавари, од вероучителите и од народните старешини. Претходно предавникот Јуда со нив беше договорил знак: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам и одведете Го внимателно!“ Јуда дојде право кај Исус и Му рече: „Учителе!“ Потоа Го поздрави со бакнеж. Тогаш луѓето Го зграпчија Исуса и Го уапсија. Еден од присутните извлече нож и замавнувајќи му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот. А Исус им рече: „Што сте излегле против Мене со мечеви и со стапови? Секојдневно седев со вас во храмот и поучував, ама не Ме уапсивте. Но мора да се исполнат запишаните претскажувања за Мене.“ Тогаш сите ученици на Исус се разбегаа и Го напуштија. По Него одеше само едно момче наметнато со платно на голото тело. Се обидоа и него да го фатат, влечејќи го за платното, но момчето го остави платното и им побегна. Исус беше доведен кај Првосвештеникот. Таму се собраа сите свештенички поглавари, народни старешини и вероучители. Петар Го следеше оддалеку, сe до дворот на Првосвештеникот. Таму седна да се грее околу огнот, заедно со чуварите. Свештеничките поглавари и целиот Врховен совет сакаа да Го погубат Исуса и затоа бараа сведоци против Него, но не најдоа. Всушност, се јавија многу лажни сведоци, но нивните обвиненија не се совпаѓаа. Тогаш станаа некои луѓе и изнесоа лаги, велејќи: „Лично Го чувме како вели: ,Ќе го разурнам овој храм изграден со човечка рака и за три дена ќе изградам друг што нема да биде изграден од човечка рака!‘“ Но и нивните обвинувања не се совпаѓаа едни со други. Конечно, пред присутните стана Првосвештеникот и Му се обрати на Исус: „Зар нема ништо да одговориш на овие обвинувања против Тебе!?“ Исус молчеше и ништо не одговараше. Првосвештеникот Му постави на Исус уште едно прашање: „Ти ли си Месијата, Синот на Преславниот Бог?“ „Да, Јас Сум!“ - Му одговори Исус и додаде: “Наскоро ќе Ме видите Мене, Синот Човечки, како седам оддесно на Семоќниот и како доаѓам на небесните облаци!“ На ова, Првосвештеникот си ја раскина облеката и рече: „Зар ни се потребни други сведоци!? Го чувте Неговото богохулство! Што предлагате?“ Сите се сложија дека Исус заслужува смртна казна. Тогаш некои од луѓето почнаа да Го плукаат Исуса. Му ги врзаа очите, Го удираа со тупаници и Му велеа: „Погоди кој те удри!“ И чуварите Го удираа по главата. Додека Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на Првосвештеникот и го виде Петар како се грее крај огнот. Се загледа во него и му рече: „И ти беше со Назареќанецот Исус!“ Но Петар одрекуваше, велејќи: „Не е точно тоа што го тврдиш!“ Потоа се упати кон вратата и во тој момент запеа петел. Слугинката повторно го виде Петар и одново им се обрати на присутните: „И овој е од нив!“ Но Петар и овојпат одрекуваше. Малку подоцна, некои од присутните одново Му рекоа на Петар: „Вистина е, и ти си еден од нив, па и Галилеец си!“ Овојпат Петар почна да се колне и да ги уверува: „Не Го познавам човекот за Кој зборувате!“ Во тој момент повторно запеа петел и Петар се сети на Исусовите зборови: „Пред второто пеење на петлите, ти трипати ќе се откажеш од Мене!“ Тогаш Петар заплака. Рано утредента, свештеничките поглавари, народните старешини и вероучителите се состанаа заедно со Врховниот совет. Тие Го врзаа Исуса и Го одведоа кај римскиот гувернер Пилат, предавајќи го во негова надлежност. Пилат почна да Го испрашува: „Ти ли си Царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“ Свештеничките поглавари изнесуваа жестоки обвиненија против Исус. Пилат повторно Го праша: „Зар нема ништо да кажеш на овие тешки обвиненија против Тебе?“ Но Исус на ништо повеќе не одговараше, на што Пилат многу се чудеше. А на секој празник Пасха гувернерот им пушташе од затвор еден затвореник, по избор на народот. Во тоа време в затвор беше еден човек по име Бараба, уапсен заедно со други бунтовници кои за време на еден бунт извршиле убиства. Народот се качи горе кај Пилат и побара да им пушти еден затвореник, како и обично. Пилат ги праша: „Сакате ли да ви Го пуштам Царот на Евреите?“ Пилат знаеше дека свештеничките поглавари му го доведоа Исуса од завист. Но свештеничките поглавари го наговорија народот од Пилат да бара ослободување на Бараба. Пилат повторно му се обрати на народот, прашувајќи го: „А што да правам со овој човек што Го нарекувате Цар на Евреите?“ Тие гласно извикаа: „Распни Го на крст!“ Пилат ги праша: „А какво злосторство извршил?“ Но тие уште погласно викаа: „Распни Го на крст!“ Тогаш Пилат, сакајќи да ја задоволи толпата, го ослободи Бараба, а Исуса Го предаде на камшикување, а потоа и на римските војници да Го распнат. Војниците Го воведоа Исуса во дворот на палатата, во таканаречениот ,преториј‘ и повикаа уште цела чета војници. Му облекоа црвена наметка, а на главата Му ставија венец исплетен од трнови гранчиња. Потоа почнаа да Му се подбиваат, викајќи: „Здраво, Цару на Евреите!“ Го удираа по главата со стап, Го плукаа и Му се клањаа, преправајќи се дека Го обожаваат. Откако доволно се подбиваа со Исус, Му ја соблекоа црвената наметка и повторно Му ја облекоа Неговата облека. Потоа Го поведоа на распнување. Натераа еден случаен минувач, кој се враќаше од полето, да го носи крстот за распнување на Исус. Човекот се викаше Симон и по потекло беше од Киренеја. Тој им беше татко на Александар и на Руфус. Војниците Го одведоа Исуса на Голгота, што во превод значи ,Череп‘. Таму се обидоа да Му дадат да се напие вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но Тој не сакаше да го пие. Го распнаа Исуса на крст, а Неговата облека со жрепка си ја разделија меѓу себе. Беше околу девет часот претпладне кога Го распнаа Исуса. Поставија и натпис кој ја опишуваше Неговата вина. Натписот гласеше: „Цар на Евреите“. Заедно со Исус распнаа и двајца злосторници: едниот од десната, а другиот од левата страна на Исус. (Со тоа се исполни Светото Писмо, кое претскажа: ,Ќе биде изедначен со злосторници‘.) Минувачите Го навредуваа Исуса, нишаа глави и говореа: „Ти што тврдеше дека ќе ни го урнеш храмот и за три дена повторно ќе го изградиш, слези од крстот и спаси се!“ На сличен начин Му се подбиваа и свештеничките поглавари и вероучителите, велејќи: „Други спасуваше, а Самиот не може да се спаси! Ако е Тој Месијата и царот на Израел - нека слезе сега од крстот! Да видиме, па ќе поверуваме!“ Го навредуваа дури и оние што беа распнати со Него. Напладне се спушти густа темнина по целата земја и траеше до петнаесет часот. Во петнаесет часот, Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, л’мах ш’вактани!?“ Тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави?“ Некои од присутните го слушнаа ова, но погрешно го разбраа, па рекоа: „Го довикува Илија!“ Еден од нив веднаш истрча, натопи сунѓер во оцет, го закачи на врвот од трска и Му понуди на Исус да се напие. Потоа рече: „Чекајте да видиме дали ќе се појави Илија да Го симне!“ Исус уште еднаш извика со силен глас и умре. Во истиот момент, завесата во храмот се расцепи на два дела, озгора додолу. Таму, спроти Исус, стоеше и еден римски офицер. Кога Тој виде како умре Исус, рече: „Овој човек навистина беше Божјиот Син!“ Тука, на Голгота, беа и извесен број жени, кои оддалеку набљудуваа. Меѓу нив беа: Марија од Магдала, Марија - мајката на браќата Јаков помладиот и Јосиф, потоа Салома и многу други. Овие жени дојдоа во Ерусалим заедно со Исус, а со Него одеа и Му помагаа уште во Галилеја. Настапи вечерта, спроти сабота, кога Евреите се подготвуваат за саботен одмор. Еден човек, по име Јосиф, од Ариматеја, кој беше истакнат член на еврејскиот Врховен совет, а и самиот го очекуваше Божјото царство, храбро влезе кај Пилат и Го побара телото на Исус. Пилат се изненади дека Исус веќе умрел, па го повика одговорниот офицер за да провери колку време има откако Исус умрел. Штом ја доби оваа информација, Пилат му одобри на Јосиф да го земе Исусовото мртво тело. Јосиф купи платно, го симна телото на Исус од крстот и го завитка во платното. Потоа го положи во гробницата што беше издлабена во карпа и влезот го затвори со голем камен. Марија од Магдала и другата Марија - мајката на Јосиф - внимателно гледаа каде беше положено телото на Исус. По саботата, Марија од Магдала, Салома и Марија - мајката на Јаков - купија мириси за балсамирање на Исусовото тело. Во раните зори на Неделата, при изгрејсонце, тие се упатија кон гробницата. Одејќи, почнаа да се прашуваат: „Како ќе го тргнеме каменот од отворот на гробницата?“ Но кога втасаа таму и погледнаа, забележаа дека тешкиот камен е веќе отстранет! А каменот беше навистина голем! Жените влегоа во гробницата и на десната страна видоа седнат еден млад човек во долга бела облека. Многу се исплашија! Но ангелот им рече: „Не плашете се! Вие го барате Назареќанецот Исус, Кој беше распнат. Тој воскресна и не е овде! Еве го местото каде што беше положено Неговото тело. Одете и кажете им на Неговите ученици, и особено на Петар: ,Исус ќе ве чека во Галилеја. Таму ќе Го видите, како што ви беше кажал!‘“ Жените избегаа од гробницата, тресејќи се од страв. Толку беа исплашени, што никому ништо не кажуваа. Рано изутрината во неделата, кога Исус воскресна од мртвите, и се појави на Марија од Магдала. (Порано Исус ја беше ослободил од седум демони кои беа во неа.) Таа отиде и им кажа на Исусовите следбеници кои тагуваа и плачеа. Но тие, кога слушнаа дека Исус е жив, не поверуваа, иако Марија им кажа дека Го видела. Подоцна, Исус им се појави и на двајца Свои ученици, но во поинаков изглед. Тие тогаш одеа по пат, кон едно село. Кога овие двајца им раскажаа за ова на другите, тие не им поверуваа. Потоа Исус им се покажа и на единаесеттемина Свои ученици, додека тие вечераа заедно. Тогаш ги укори поради нивното неверство и закоравеност на срцата, зашто не им веруваа на оние што Го беа виделе по Неговото воскресение. Потоа им рече: “Одете по целиот свет и проповедајте им ја Радосната вест на сите луѓе! Секој што ќе поверува и ќе се крсти - ќе биде спасен. А секој што ќе одбие да поверува - ќе биде осуден. Оние што ќе поверуваат, ќе можат да извршуваат чуда: со помош на Моето име ќе изгонуваат демонски духови, ќе зборуваат на нови јазици, со раце ќе фаќаат змии, ќе испиваат отрови и нема да се отрујат, ќе исцелуваат болни со ракополагање врз нив.“ Откако на Своите ученици им ги упати овие зборови, Господ Исус се вознесе на небото и седна до Бог, од Неговата десна страна. А учениците се разотидоа и почнаа да проповедаат насекаде. Господ беше со нив и преку чудата што тие ги извршуваа потврдуваше дека тоа што го зборуваат е вистина. Драги Теофиле, Мнозина почнаа да пишуваат за настаните што се случија кај нас. Пишуваат за она што ни го пренесоа Христовите ученици, кои од самиот почеток беа очевидци и проповедници на она што Бог го направи преку Своето Слово. И јас решив да ти напишам еден извештај, почитуван Теофиле, точно според редоследот на случките, откако претходно темелно ги проучив сите нив, од самиот нивни почеток, за да се увериш во сигурната основа на учењето што си го примил. Во времето кога Ирод царуваше над покраината Јудеја, живееше еден свештеник по име Захарија, по потекло од свештеничкиот ред на Авијах. Неговата жена се викаше Елисавета и беше потомка на свештеникот Арон. Обајцата беа праведни пред Бога и целосно ги почитуваа сите Господови заповеди и правила. Тие немаа деца, зашто Елисавета беше неротка, а веќе беа и во поодминати години. Еден ден, кога му беше редот на Захарија да ја извршува свештеничката служба во Божјиот храм, тој беше избран со жрепка - според вообичаената практика меѓу свештениците - да влезе во храмот и да изврши кадење на жртвеникот. За време на кадењето, народот беше надвор и се молеше. Наеднаш, пред Захарија се појави ангел Господов и застана од десната страна на олтарот за кадење. Кога Захарија го забележа, се стаписа и страв го обзеде. Но, ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија! Молитвата ти е услишена! Твојата жена Елисавета ќе ти роди син и ќе му дадеш име Јован. Ќе се радуваш и ќе се веселиш, а и многу други ќе му се радуваат на неговото раѓање. Тој ќе биде голем во очите на Господ и нема да пие ни вино ни жесток пијалак, туку ќе се исполни со Светиот Дух уште во утробата на мајка си. Ќе поттикне многу Израелци да Му се вратат на нивниот Господ Бог. Тој ќе Му биде претходник на Господ Исус со духот и со силата на пророкот Илија, за повторно да ги зближи татковците со децата, да ги врати непослушните кон мудроста на праведните и да ги подготви за Господ оние што Му се наклонети.“ Тогаш Захарија го праша ангелот: „По што ќе знам дека ова навистина ќе се случи? Јас сум веќе стар, а и жената ми е во поодминати години.“ Ангелот му одговори: „Јас сум Гаврил и престојувам пред самиот Бог; Тој ме испрати да зборувам со тебе и да ти ја донесам оваа Радосна вест. Но ти не им поверува на моите зборови, кои сепак ќе се исполнат кога за тоа ќе дојде време; затоа сега ти ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш сe до оној ден кога ќе се исполни ова што ти го кажав!“ Во меѓувреме, народот чекаше Захарија да излезе и се чудеше зошто толку долго се задржа во храмот. Кога излезе, не можеше да зборува, но според неговите движења заклучија дека имал некое видение во храмот. Тој им објаснуваше со знаци, без да проговори ниту еден збор. Кога му истече времето за служење во храмот, Захарија се врати дома. По извесно време неговата жена Елисавета забремени, но бременоста ја прикриваше цели пет месеци и велеше: „Најпосле ја добив Господовата благонаклоност, кога реши да се смилува и да го симне срамот од мене!“ По шест месеци, Бог го испрати ангелот Гаврил во галилејскиот град Назарет, кај една девица по име Марија која му беше свршеница на Јосиф, потомок на царот Давид. Доаѓајќи кај неа, ангелот и рече: „Радувај се, зашто си преблагословена и Господ е со тебе!“ Марија се исплаши кога ги чу овие зборови и почна да размислува за значењето на необичниот поздрав. Ангелот и рече: „Не плаши се, Марија, Бог ти е благонаклонет! Ти ќе забремениш, ќе родиш Син и ќе Му дадеш име Исус. Тој ќе биде велик и ќе биде наречен Син на Севишниот. Господ Бог ќе Му го даде Нему престолот од Неговиот предок, царот Давид. Тој вечно ќе владее меѓу потомците на Јаков и Неговото царство ќе нема крај.“ Тогаш Марија му рече на ангелот: „Како ќе родам дете, кога јас сум девица!?“ Ангелот и одговори: „Преку Светиот Дух, Кој ќе слезе, ќе те исполни и силата на Севишниот ќе се спушти врз тебе. Затоа и Детето што ќе го родиш ќе биде свето и ќе биде наречено Божји Син. Еве, и твојата роднина Елисавета забремени, иако е веќе во поодминати години. Ја нарекуваа неротка, а еве, таа е сега во шестиот месец на бременост, зашто, за Бог нема невозможни нешта! Тогаш Марија му рече: „Јас Му стојам на услуга на Господ; нека се исполни со мене она што го кажа ти.“ По ова, ангелот си замина. Набргу потоа, Марија побрза кон еден град во планинските предели на Јудеја. Влегувајќи во куќата на Захарија, се поздрави со Елисавета. Штом Елисавета го чу поздравот на Марија, детето во нејзината утроба се размрда. Елисавета се исполни со Светиот Дух, и гласно рече: „Ти си најблагословена од сите жени и благословено е Детето што е зачнато во тебе! Како токму кај мене да дојде мајката на мојот Господ!? Штом го чув твојот поздрав, детево во мојава утроба се размрда од радост! Благословена си, зашто поверува дека ќе се исполни тоа што Господ го кажал!“ Марија рече: “Душава моја Го слави Господа; извикува од радост мојот дух, заради Бог, мојот Спасител, Кој милозливо си спомна за мене, Неговата ништожна слугинка! Ете, отсега сите поколенија ќе ме нарекуваат ,Благословена‘, зашто големи нешта направи Семоќниот за мене. Свето е Неговото Име, и милосрдието Негово спрема оние што Го почитуваат продолжува од поколение во поколение. Тој ја испружи Својата моќна рака и ги уништи оние што длабоко во себе се гордееја со своите мисли. Ги симна од власт владетелите, а ги возвиши понизните, ги насити гладните со благо, а богатите ги испрати со празни раце. Му дојде на помош на Својот слуга Израел, припомнувајќи си за милоста што им ја вети на нашите предци, за Авраам и за неговото потомство, довека!“ Марија остана кај Елисавета околу три месеци, а потоа се врати дома. Дојде време Елисавета да се породи и таа роди син. Кога нејзините соседи и роднини видоа дека Господ покажа кон неа голема благонаклоност, заедно со неа се радуваа и тие. На осмиот ден по раѓањето го донесоа детето да го обрежат и сакаа да му дадат име Захарија, според името на татко му. Но мајка му рече: „Не, туку ќе се вика Јован!“ Тие и велеа: „Па никој од твоите роднини не се вика така!“ Потоа преку знаци го прашаа таткото, како сака да се вика детето. Захарија побара една плоча за пишување и напиша: „Ќе се вика Јован!“ Сите беа изненадени. Во истиот миг, му се врати говорот на Захарија и тој почна да Го слави Бога. По ова страв завладеа меѓу луѓето во тој крај, а за овие случки се расправаше по сиот планински предел на Јудеја. Сите што ќе слушнеа за ова размислуваа и се прашуваа: „Што ли ќе биде од ова дете!?“, зашто беше очигледно дека со него беше силата Господова. Тогаш Захарија, таткото на Јован (Крстител), се исполни со Свет Дух и го изрече ова пророштво: Слава нека Му е на Господ, Израеловиот Бог, Кој му дојде на помош на Својот народ и го избави! Тој ни подигна моќен Избавител од потомците на Својот слуга Давид. Како што одамна ни беше ветил, преку устите на Своите пророци, дека ќе нe спаси од нашите непријатели и од рацете на оние што нe мразат, дека ќе им се смилува на нашите предци и ќе Си спомне за Својот свет Завет. Тој со заклетва му вети на нашиот прататко Авраам дека ќе нe избави од нашите непријатели и ќе ни овозможи да Му служиме на Бога без страв, за да бидеме свети и праведни пред Него во текот на целиот наш живот. А ти, сине мој, ќе бидеш наречен пророк на Севишниот. Ќе Му бидеш претходница на Господ и ќе Му го подготвиш патот, објаснувајќи им го на луѓето спасението што доаѓа преку простување на гревовите, благодарение на милосрдното срце на нашиот Бог, преку Кој ќе нe огрее Сонце од небото, Кое ќе ги осветли сите што живеат во мракот на смртната сенка, и ќе ни ги насочи чекорите кон патот на мирот!“ Детето растеше и се развиваше духовно. Живееше во пустината сe до денот кога ја започна својата јавна мисија меѓу Израелците. Во тоа време римскиот император Август издаде заповед за прв попис на населението во неговата земја. Во времето на тој попис управник на Сирија беше Квиринеј. Тогаш секој отиде да се запише во местото на своето потекло. Така и Јосиф, кој беше потомок на царот Давид, тргна од галилејскиот град Назарет во јудејскиот град Витлеем, родното место на Давид. Јосиф отиде таму да се запише заедно со својата бремена свршеница, Марија. Додека беа таму, нејзе и дојде времето да се породи. И роди Син, нејзино Првороденче, Го пови и Го положи в јасли, бидејќи за нив немаше место во ноќевалиштето. Во истиот тој крај, имаше пастири кои ноќеваа во полето, чувајќи ги своите стада. Одеднаш им се јави ангел Господов и славата Господова ги осветли, од што тие многу се исплашија. Но ангелот им рече: „Не плашете се! Ви носам радосна вест, што ќе ги зарадува сите народи. Денес, во Давидовиот град, во Витлеем, ви се роди Спасителот - Месијата, Господ. Доказ за ова ќе ви биде следното: во јаслите ќе најдете Новороденче во повој.“ Вчасот, на ангелот му се придружија голем број ангели од небото, кои Го славеа Бога пеејќи: „Слава на Бог во небесата, а на Земјата мир за луѓето над кои почива Неговата благонаклоност!“ Кога ангелите се вратија на небото, пастирите си рекоа еден со друг: „Ајде да појдеме до Витлеем и да ја видиме оваа случка со која нe запозна Господ!“ Отидоа брзајќи и ги најдоа Марија и Јосиф со Новороденчето кое лежеше во јаслите. Откако Го видоа, на сите им раскажуваа за сето она што им го беше рекол ангелот за Детето. Сите што го слушаа ова од пастирите, се восхитуваа, а Марија ги запамети сите тие зборови и често размислуваше за нив. Потоа пастирите се вратија, пеејќи Му славопојки на Бог за сето она што го слушнаа и видоа, зашто сe беше точно така како што им кажа ангелот. На осмиот ден, при обрежувањето, на Новороденчето Му беше дадено името Исус, како што Го беше нарекол ангелот уште пред да биде зачнат. Кога помина времето на нивното исчистување, согласно со Мојсеевиот Закон, Јосиф и Марија Го донесоа Детето во Ерусалим за да Го посветат пред Господ, како што е пропишано со Законот Господов: ,Секое првородено машко дете да Му биде посветено на Господ.‘ Отидоа да принесат и жртва: две грлици или две гулапчиња, како што се бараше според Господовиот Закон. Во тоа време, во Ерусалим живееше еден човек по име Симон. Тој беше добар и богобојазлив, исполнет со Светиот Дух, и Го очекуваше Месијата Кој ќе го избави Израел. Симон беше добил уверување од Светиот Дух дека нема да умре додека не Го види Месијата, ветен од Господ. Поттикнат од Светиот Дух, Симон дојде во храмот токму кога родителите Го донесоа Детето Исус, за да Го посветат, согласно со она што беше пропишано со Мојсеевиот Закон. Симон Го зеде Детето в раце и упати благодарност кон Бог, велејќи: „Господе, сега можам спокојно да умрам зашто Ти го одржа Своето ветување. Моите очи Го видоа Спасителот, Кого Ти Го испрати за сите народи. Тој е Светлина што на народите ќе им го открие Бога и ќе Му донесе слава на Твојот народ, Израел!“ А Јосиф и Марија се восхитуваа од овие зборови искажани за Исус. Тогаш Симон ги благослови, и и рече на Марија, мајката на Детето: „Ова Детенце е избрано од Господ да собори и да подигне мнозина во Израел; ќе биде знак против кој луѓето ќе зборуваат, откривајќи ги така своите тајни мисли. А тебе, тагата како меч ќе ти ја прободе душата.“ Таму беше и една многу стара пророчица, по име Ана, ќерка на Фануел, од Ашеровото племе. По своето моминство, таа живеела во брак седум години, а потоа останала сама; сега имаше осумдесет и четири години. Таа беше постојано во храмот и Му служеше на Господ и дење и ноќе, постејќи и молејќи се. Токму кога Симон разговараше со Јосиф и Марија, таа пријде и почна да Го слави Бога и да им зборува за Исус на сите што очекуваа да се појави ветениот Цар, Кој ќе го избави Ерусалим. Кога Јосиф и Марија извршија сe што беше пропишано според Господовиот Закон, се вратија во својот град, Назарет, во покраината Галилеја. Таму Детето растеше и закрепнуваше; беше полно со мудрост, а Бог Му беше особено благонаклонет. Родителите на Исус одеа секоја година во Ерусалим, за време на празникот Пасха. Кога Исус имаше дванаесет години, тие отидоа со Него на празникот, како и обично. По празникот, тие тргнаа дома, а Исус остана во Ерусалим без знаење на Неговите родители. Мислејќи дека е некаде меѓу патниците, тие патуваа цел ден, барајќи Го меѓу роднините и пријателите. Бидејќи не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат таму. По три дена Го најдоа во храмот, каде што седеше со еврејските учители, ги слушаше и им поставуваше прашања. Сите што Го слушаа беа одушевени од Неговите умни одговори. Кога Го видоа, Неговите родители се изненадија, а мајка му Му рече: „Зошто ни го направи тоа, чедо мое!? И татко ти и јас се изнамачивме барајќи Те!“ Тој им одговори: „Зошто сте Ме барале? Зар не знаевте дека Јас треба да бидам во служба на Мојот Татко!?“ Но тие не го разбраа Неговиот одговор. Потоа Исус се врати со нив во Назарет и им беше послушен. Мајка му грижливо ги редеше во своето срце сите овие случки. Исус растеше и напредуваше во мудрост, здобивајќи се со благонаклоност и кај Бог и кај луѓето. Беше петнаесеттата година од владеењето на римскиот император Тибериј; Понтиј Пилат беше гувернер над Јудеја, Ирод Антипа управуваше над Галилеја, а неговиот брат Филип - над покраините Итуреја и Трахонитис. Лисанија беше управник над Абилена, додека Анан и Кајафа беа врховни свештеници. Во тоа време Бог го повика Јован, синот на Захарија, кој живееше во пустината. Тогаш Јован го обиколи целиот предел крај реката Јордан, проповедајќи: “Покајте се и крстете се, за да ви се простат гревовите!“ На Јован Крстител се однесува пророштвото запишано во Книгата на пророкот Исаија: “Глас одекнува низ пустината, кој вели: Пригответе пат за доаѓањето на Господ, исправете го патот за Него! Секоја вдлабнатина да се исполни, секој врв и угорнина да се зарамнат; кривите патеки да се исправат, а нерамнините да се порамнат. Тогаш секој човек ќе го види спасението што ни го испраќа Бог!“ Многу луѓе доаѓаа да се крстат кај Јован, а тој им велеше: „Змиски рожби! Кој ве предупреди, та бегате од гневот што доаѓа!? Докажете на дело дека навистина се каете! Не залажувајте се со тоа што сте потомци на Авраам, зашто, ви велам, Бог може и од овие камења да подигне Авраамови потомци! Божјата секира е веќе замавната и в корен ќе го пресече и в оган ќе го фрли секое дрво што не раѓа добар плод!“ Тогаш луѓето го прашуваа: „Што треба да правиме?“ А Јован им одговори: „Кој има две кошули, нека му даде една на оној што нема ниту една; и кој има храна, нека ја подели со другите.“ Дојдоа да се крстат и некои од собирачите на данок, прашувајќи: „Учителе, што треба ние да правиме?“ А тој им одговори: „Не земајте повеќе од она што е определено!“ Имаше и војници, кои го прашаа: „А што треба ние да правиме?“ Тој им одговори: „Не вршете насилства, не пријавувајте лажно никого и бидете задоволни со својата плата!“ Бидејќи народот беше во исчекување да се појави Божјиот Месија, се прашуваше да не е можеби Јован Месијата? Затоа, Јован им се обрати на сите: „Јас ве крштавам во вода, а по мене иде поголем од мене, толку голем што јас не сум достоен ни сандалите да Му ги одврзам. Тој ќе ве крсти огнено, во Светиот Дух. Тој ја има лопатата в раце и ќе го исчисти Своето гумно: житото ќе го собере во житните складови, а плевелот ќе го гори во оган што не гасне.“ Вака, и на многу други начини, Јован им ја проповедаше Радосната вест на луѓето и ги поттикнуваше да се поправат. Јован јавно го прекоруваше и гувернерот Ирод, зашто тој беше ја зел Иродијада, жената на својот брат, а правеше и други злосторства, додавајќи кон нив уште едно со тоа што го фрли Јована в затвор. Еден ден, по крштавањето на сиот народ, се крсти и Исус. И додека Тој се молеше, се отвори небото, и Светиот Дух слезе во телесен облик, како гулаб. Се чу и глас од небото, кој рече: „Ти Си Мојот Син - Мојот Љубимец, со Кого наполно Сум задоволен!“ Исус имаше околу триесет години кога го започна Своето јавно дејствување. Според мислењето на луѓето, Исус беше син на Јосиф, кој, пак, беше син Хелиев, потомок Мататов, Левиев, Малкиев, Јанаев, Јосифов, Матитиев, Амоцов, Наумов, Хеслиев, Нагаев, Маатов, Мататиев, Шимиев, Јосеков, Јодаев, Јохананов, Реишинов, Зерубавелов, Шалтиелов, Нериев, Малкиев, Адиев, Косамов, Елмаданов, Еров, Јешуов, Елиезеров, Јорамов, Мататов, Левиев, Шимонов, Јудин, Јосифов, Јонамов, Елијакимов, Малахов, Манахов, Мататаов, Натанов, Давидов, Јишајев, Оведов, Боазов, Салмонов, Нахшонов, Аминадавов, Админов, Арниев, Хецронов, Перецов, Јудин, Јаковов, Исаков, Авраамов, Тераов, Нахоров, Серугов, Реуов, Пелегов, Еверов, Шелахов, Кеинанов, Арпахшадов, Шемов, Ноев, Лемеков, Метушелахов, Енохов, Јередов, Махалалелов, Кеинанов, Еношов, Шетов, Адамов, Божји. Исус се врати од реката Јордан исполнет со Светиот Дух. Духот Го одведе во пустината, каде што Ѓаволот Го искушуваше четириесет дена. За сето тоа време Тој не јадеше ништо и на крајот многу огладне. Тогаш Ѓаволот Му рече: „Ако си Ти навистина Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“ Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели: ,Човекот не живее само од леб!‘“ Тогаш Ѓаволот Го крена на високо место и за миг Му ги покажа сите царства на Земјата, па Му рече: „Ќе Ти дадам власт над сите нив и сиот нивни раскош, зашто тие мене ми се дадени и јас можам да ги давам кому што сакам! Значи, сево ова ќе Ти припадне Тебе, ако ми се поклониш.“ Исус му одговори: „Светото Писмо вели: ,Поклонувај Му се на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“ Потоа Ѓаволот Го одведе во Ерусалим, Го постави на врвот од Божјиот храм и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу, зашто во Светото Писмо пишува: ,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат‘, и дека тие ќе Те понесат на своите дланки, за да не си ја сопнеш ногата на камен.“ Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушувај Го Господ, својот Бог!‘“ Исцрпувајќи ги сите можни искушенија, Ѓаволот Го остави, очекувајќи друг погоден момент. Тогаш Исус се врати во Галилеја, исполнет со силата на Светиот Дух. Набргу Тој стана познат по целиот крај. Тој поучуваше по синагогите и сите Го фалеа. Потоа Исус се врати во Назарет, каде што беше пораснал и, како што имаше обичај, во саботата дојде во синагогата. Таму стана да чита од Светото Писмо. Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија, а Тој ја отвори на местото каде што е напишано следново: „Врз Мене почива Духот на Господ, зашто Тој Ме назначи да им ја донесам Радосната вест на бедните, да им навестам ослободување на заробените, да им го вратам видот на слепите, да ги ослободам угнетените, да го прогласам времето на Господовата лагонаклоност.“ Потоа ја затвори книгата, му ја врати на служителот и седна. Погледите на сите присутни во синагогата беа вперени во Него, па Тој им се обрати: „Делот од Светото Писмо што го чувте, се исполни денес.“ Тој остави силен впечаток кај сите и тие се восхитуваа на љубезните зборови што излегуваа од Неговата уста, па се прашуваа: „Зар Овој не е синот на Јосиф?“ Тој им рече: „Вие сигурно би ми ја цитирале поговорката: ,Докторе, исцели се самиот себе!‘, а потоа би барале од Мене да го направам и овде, каде што пораснав, она што сте слушнале дека го направив во Кафарнаум. Но вистина е дека ниту еден пророк не добива признание во своето место на живеење. Еве ја вистината: иако имаше многу гладни вдовици во Израел, во времето на пророкот Илија, кога три и пол години владееше суша по целата земја, сепак, Илија не беше испратен кај ниедна од Израел, туку кај една вдовица во Царфат, во Сидонската земја. Имаше и многу лепрозни во Израел, во времето на пророкот Елиша, но ниту еден од нив не беше исцелен, туку само Нааман, кој беше од Сирија.“ Кога присутните во синагогата го слушнаа тоа, многу се разлутија; па станаа и Го исфрлија Исуса од градот и Го однесоа на врвот од ридот на кој се наоѓаше градот, со намера да Го турнат во бездна. Но Тој успеа да се спровре низ толпата народ и си отиде. Потоа Исус замина за Кафарнаум, град во Галилеја, каде што во саботите го поучуваше народот. Луѓето беа одушевени од Неговите поуки, зашто Тој зборуваше со авторитет. Во синагогата имаше еден човек обземен од демон, кој викаше на сиот глас: „Што сакаш од нас, Исусе од Назарет? Зар Си дошол да нe уништиш? Знам Кој си Ти: Ти си Божјиот Светец, испратен од Бог!“ Исус му заповеда: „Замолкни и излези од него!“ Демонскиот дух го кутна човекот наземи пред очите на сите и излезе од човекот, не повредувајќи го. Луѓето беа стаписани и си говореа еден со друг: „Какви моќни зборови, полни со власт и сила да им се заповеда на демони и тие да излегуваат!“ По ова, веста за Исус се разнесе низ сите околни места. Исус си замина од синагогата и дојде во куќата на Својот ученик Симон Петар, каде што неговата тешта лежеше болна и имаше голема треска. Исус беше замолен да ја исцели, а Тој се наведна над неа и со заповед ја ослободи од треската. Жената веднаш стана и почна да ги послужува. На зајдисонце сите што имаа болни од некаква болест ги носеа кај Исус и Тој ги положуваше Своите раце врз нив и сите тие оздравуваа. Од мнозина излегуваа демони, извикувајќи: „Ти си Божјиот Син!“, а Тој им забрануваше да зборуваат, зашто тие знаеја дека Тој е Месијата. Следниот ден, во мугрите, Исус стана и отиде сам на едно пусто место. Луѓето почнаа да Го бараат и кога Го најдоа Го задржуваа да не си оди, но Тој им рече: „Треба да ја проповедам Радосната вест за Божјото царство и во другите градови, зашто сум испратен за таа цел.“ И проповедаше по синагогите низ цела Јудеја. Еднаш, Исус стоеше на брегот на Генисаретското Езеро, а луѓето се туркаа кон Него за да ја слушаат Божјата порака. Тој здогледа две бротчиња извлечени на брегот. Рибарите беа излегле да ги чистат своите мрежи. Исус влезе во едно од бротчињата, кое му припаѓаше на Симон, и го замоли малку да го оттурне од брегот. Потоа Исус седна на бротчето и започна да го поучува народот. Кога заврши со говорот, Исус му рече на Симон: „Одвеслај понатаму, во подлабока вода, и фрлете ги мрежите.“ Но Симон Му одговори: „Господару, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но штом Ти заповедаш, ќе ги фрлиме мрежите.“ Кога ги спуштија мрежите уловија толку многу риби, што речиси им се искинаа мрежите. Ги повикаа другарите од другото бротче да дојдат да им помогнат. Тие дојдоа и ги наполнија двете бротчиња со толку риби, што бротчињата речиси потонаа. Гледајќи го ова, Симон Петар падна пред Исуса на колена и рече: „Оди си од мене, Господе; јас сум грешен човек!“ Зашто, голем страв ги беше зафатил и него и оние што беа со него, поради случката со уловените риби. Истото важеше и за другарите на Симон: Јаков и Јован - синови на Завдај. Исус му одговори на Симона: „Не плаши се! Отсега ќе одиш по луѓе, а не по риби.“ Тогаш тие ги извлекоа бротчињата на копното, оставија сe и станаа Исусови следбеници. Еднаш, Исус беше во еден град, кога одненадеж Му пријде еден човек заболен од лепра. Кога Го забележа Исуса, тој падна ничкум пред Него и почна да Го моли: „Господине, ако сакаш, Ти можеш да ме исчистиш!“ Исус ја испружи Својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди чист!“ И лепрата веднаш исчезна од него. Исус му нареди никому да не кажува, туку да оди право кај свештеникот за да биде прегледан, а потоа да принесе жртва согласно со Мојсеевиот Закон, како сведоштво за другите. Но вестите за Исус сe повеќе се ширеа и многуброен народ доаѓаше да Го слуша и да биде исцелен од своите болести. Тој, пак, честопати се повлекуваше на пусти места, каде што во осаменост се молеше. Еден ден, додека Исус поучуваше, меѓу слушателите седеа и некои фарисеи и вероучители, дојдени од сите градови на Галилеја и на Јудеја, како и од Ерусалим. Силата Господова Го поттикнуваше Исуса да исцелува болни. И ете, некои луѓе носеа парализиран човек на носила; тие се обидуваа да го внесат човекот внатре, кај Исус. Кога поради големата толпа не успеаја да го внесат внатре, тие се искачија на куќата и преку покривот го спуштија сосе носилата сред народот, пред Исус. Кога Исус виде со колкава вера го прават тоа, му се обрати на парализираниот: „Човеку, гревовите ти се простуваат!“ Вероучителите и фарисеите почнаа да си шепотат меѓу себе: „Овој човек е богохулник! Само Бог може да простува гревови и никој друг!“ Знаејќи им ги мислите, Исус им рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли? Полесно ли е да се каже: ,Гревовите ти се простуваат!‘, или ,Стани и оди!‘? Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјава да простувам гревови!“ Потоа му се обрати на парализираниот: „Ти наредувам: стани, земи си ја постелата и оди си здрав дома!“ Пред очите на сите, човекот веднаш оздраве, па стана, си ја зеде постелата на којашто лежеше и си отиде дома, славејќи Го Бога. Сите останаа вчудовидени и Го славеа Бога со страхопочит, велејќи: „Чудесни работи видовме денес!“ Потоа Исус излезе и здогледа еден собирач на данок, по име Левиј, кој седеше на даночна тезга, па му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Левиј стана и оставајќи сe тргна по Исус. Набргу потоа Левиј приготви голема гозба во својот дом, во чест на Исус, а меѓу гостите, покрај другите луѓе, имаше и многу собирачи на данок. А фарисеите и вероучителите од нивната група почнаа да негодуваат и им рекоа на Исусовите ученици: „Зошто јадете и пиете со собирачи на данок и со други отпадници?“ На ова, Исус им одговори: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните! Јас не дојдов да повикувам праведници на покајание, туку грешници.“ Тогаш верските претставници Му рекоа на Исус: „Учениците на Јован Крстител редовно постат и се молат, како што прават и учениците на фарисеите, а Твоите ученици јадат и пијат!“ Исус им одговори: „Зар треба да се тераат сватовите да постат, додека младоженецот е со нив? Но еден ден, младоженецот ќе се оддели од нив; тогаш тие ќе постат.“ Потоа им ја кажа оваа споредба: „Никој не кине парчиња од нова облека за да закрпи стара облека; зашто, така би се раскинала новата облека, а и новата крпа не би прилегала врз старата облека. И никој не полни ново вино во стари кожни мешини, зашто мешините ќе пукнат од новото вино и виното ќе истече, а и мешините ќе пропаднат. Затоа, ново вино треба да се става во нови мешини. Но никој што пие старо вино не посакува ново вино, туку ќе рече дека старото вино е подобро.“ Една сабота, кога Исус минуваше низ нивите, Неговите ученици кинеа клавчиња, ги триеја со раце и ги јадеа. Некои од фарисеите ги прекорија, велејќи им: „Зошто го правите тоа што не е дозволено да се прави во сабота?“ На ова, Исус им одговори: „Зар не сте читале што направија Давид и неговите придружници кога огладнеа, и како тој влезе во Божјиот Дом, па тој и неговите луѓе јадеа од посветениот леб, од кој само свештениците смееја да јадат? Јас, Синот Човечки, Сум Господар и над саботата“ - заклучи Исус. Една друга сабота, Исус влезе да поучува во синагогата. Таму имаше еден човек со парализирана десна рака. Вероучителите и фарисеите Го набљудуваа со намера да Го обвинат, доколку изврши исцелување во сабота. А Исус, знаејќи им ги мислите, му се обрати на човекот со парализираната рака: „Стани и застани пред сите!“ Тој стана и застана. Тогаш Исус им рече: „Да ве прашам: што е дозволено да се прави во сабота: добро или лошо? Да се спасуваат животи, или да се уништуваат?“ Потоа прошета со погледот од човек до човек и му се обрати на болниот: „Испружи ја раката!“ Тој го стори тоа и раката веднаш му оздраве. А противниците збеснаа и почнаа да се договараат што да Му направат на Исус. Во тоа време Исус отиде на блиската гора да се моли. Цела ноќ Му се молеше на Бог. На разденување ги повика кај Себе сите Свои ученици, одбра дванаесет од нив и ги наименува за Свои апостоли. Тоа се: Симон, кого Тој го нарече Петар, и неговиот брат Андреј; Јаков и Јован; Филип и Бартоломеј; Матеј и Тома; Јаков Алфеев и Симон, наречен ,Патриот‘, Јуда - братот на Јаков и Јуда Искариот, кој подоцна стана предавник. На слегување од гората, Исус и Неговите ученици застанаа на една висорамнина. Присутни беа голем број Негови ученици, и многуброен народ од цела Јудеја, од Ерусалим, па дури и од северните приморски предели околу градовите Тир и Сидон, кои беа дошле да Го слушаат и да бидат исцелени од своите болести. Исус исцелуваше и луѓе кои страдаа од демонски духови. Сиот народ настојуваше да Го допре Исуса, зашто од Него излегуваше сила која ги исцелуваше сите. Со поглед насочен кон Своите ученици, Исус рече: “Благословени сте вие што сте сиромашни, зашто вам ви припаѓа Божјото царство! Благословени сте вие што сте гладни сега, зашто вие ќе се наситите! Благословени сте вие што сега плачете, зашто ќе дојде време кога вие ќе се смеете! Благословени сте кога луѓето ќе ве мразат, ќе ве отфрлат, ќе ве навредуваат и ќе ви извадат лошо име, поради тоа што сте следбеници на Синот Човечки. Радувајте се кога ќе ви се случува тоа и бидете весели, зашто голема награда ве очекува на небото! Нивните предци им го правеа тоа на пророците. Но тешко вам кои сега сте богати - вашата утеха е само на овој свет! Тешко вам кои сега сте сити - вие ќе гладувате! Тешко вам кои сега се смеете - вие ќе тагувате и ќе плачете! Тешко вам кои толпите ве фалат - така и нивните предци ги фалеа лажните пророци!“ „Но вам, што Ме слушате, ви велам: покажувајте љубов спрема своите непријатели! Правете им добро на оние што ве мразат! Благословувајте ги оние што ве проколнуваат! Молете се за оние што ве навредуваат. На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот! На оној што сака да ти го земе палтото, дај му ја и кошулата! На оној што бара нешто од тебе - дај му. Од оној што зел нешто твое - не барај да ти го врати! Постапувајте со луѓето онака, како што сакате тие да постапуваат со вас! Зашто, ако ги сакате само оние што вас ве сакаат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците ги сакаат оние што нив ги сакаат! И ако им правите добро само на оние што вам ви прават добро, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците го прават тоа! И ако им позајмувате само на оние кои можат да ви вратат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците им позајмуваат на други грешници, за да им го вратат истото! Но вие, покажувајте љубов спрема своите непријатели, правете добро и давајте без да очекувате да ви се врати! Само така ќе добиете голема награда и ќе се однесувате како деца на Севишниот, зашто Тој им прави добро и на неблагодарните и на лошите. Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот небесен Татко.“ „Не судете и нема да ви биде судено! Не осудувајте, и нема да бидете осудувани! Простувајте и ќе ви биде простено! Давајте и ќе ви биде давано со преполна мера, набиена, протресена, истурена во вашите скутови! Зашто со каква мера им мерите на другите, со таква и вам ќе ви биде мерено.“ Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Може ли слеп човек да води друг слепец? Нема ли обајцата да паднат в јама? Ниеден ученик не е над својот учител. Но, кога ученикот ќе се усоврши, тогаш ќе биде како неговиот учител. Зошто ја гледаш раската во окото на својот ближен, а не ја гледаш гредата во сопственото око!? Како можеш да му кажеш на својот ближен: ,Брате, дозволи ми да ти ја извадам раската од окото!‘, кога ти не ја гледаш гредата во сопственото око!? Тоа е лицемерие! Извади си ја најнапред гредата од сопственото око, па ќе можеш добро да гледаш за да ја отстраниш раската од окото на својот ближен!“ „Нема питомо дрво што раѓа диви плодови, ниту диво дрво што раѓа питоми плодови. Секое дрво се познава според своите плодови. Не се берат смокви од трн, ниту грозје од чичка. Од благороден човек произлегуваат благородни работи што се напластени во неговото срце, а од лош човек произлегуваат лоши работи што се напластени во неговото срце. Секоја уста го зборува она што е напластено во срцето.“ „Зошто Ми се обраќате со ,Господе, Господе!‘, а не го вршите тоа што ви го зборувам? Ќе ви кажам со што може да се спореди човек што доаѓа кај Мене, за да ги слуша и извршува Моите зборови: Тој може да се спореди со ѕидар што гради куќа, копа длабоко и ги поставува темелите врз камена подлога. Кога ќе надојде поплава и реката силно ќе нагрвали врз куќата, не ќе може да ја поткопа, зашто куќата е добро изградена. А оној што ги слуша Моите зборови, а не ги извршува, може да се спореди со ѕидар што си подига куќа врз земја, без темели. Кога реката ќе нагрвали врз куќата - таа наеднаш ќе падне, со стравотен тресок!“ Кога Исус го заврши Своето излагање пред народот, замина во Кафарнаум. Таму, еден римски офицер имаше слуга што му беше многу драг, а беше тешко болен, на умирање. Кога офицерот разбра за Исус, испрати кај Него неколку еврејски старешини, молејќи Го да дојде и да го исцели слугата. Тие дојдоа кај Исуса и почнаа мошне сесрдно да Го молат, велејќи: „Овој човек заслужува да му излезеш во пресрет. Тој го сака нашиот народ и ни изгради синагога.“ Исус тргна со нив. Кога наближи до куќата, офицерот испрати луѓе да Му порачаат: „Господине, не труди се понатаму, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив, ниту пак сум достоен да дојдам кај Тебе. Кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави! Зашто и јас сум човек што се потчинува на наредби, а имам и власт да им издавам наредби на војниците. Кога на еден ќе му речам ,Оди!‘ - тој оди; на друг ќе му речам ,Дојди!‘, и тој доаѓа. На мојот слуга ќе му речам ,Стори го тоа!‘, и тој го извршува.“ Кога го чу ова, Исус се воодушеви и на народот што одеше по Него му рече: „Навистина, кај никого во Израел не видов толку голема вера!“ Кога оние што беа испратени се вратија дома, го најдоа слугата наполно здрав. Набргу потоа, Исус отиде во градот Наин. Заедно со Него беа Неговите ученици и многуброен народ. Штом се приближи до градските порти, пресретна погребна поворка; беше починал синот-единец на една вдовица. Во поворката имаше многу луѓе од градот. Кога Господ ја забележа вдовицата, се сожали, и и рече: „Не плачи!“ Потоа пријде до ковчегот и го допре. Луѓето што го носеа, застанаа, а Исус рече: „Момче, ти заповедам да станеш!“ Покојникот стана и почна да зборува, а Исус и го предаде на мајката. Страв ги обзеде сите и Му оддаваа слава на Бог, велејќи: „Голем пророк се појави меѓу нас! Бог дојде за да го спаси Својот народ!“ Оваа вест за Исус се разнесе по цела Јудеја и по целата околина. За сето ова што го правеше Исус, Јован Крстител беше известен од своите ученици. Тој повика двајца од нив и ги испрати кај Господ, за да Го прашаат: ,Ти ли си Месијата што требаше да дојде, или друг да чекаме?‘ Доаѓајќи кај Исус, тие Му рекоа: „Јован Крстител нe испрати кај Тебе, за да Те прашаме дали си Ти Месијата што треба да дојде, или друг да очекуваме?“ Токму тогаш Исус исцелуваше многу луѓе од нивните болести, заболувања и од демонски духови, а и на голем број слепи им ги отвораше очите. Исус им одговори на Јовановите пратеници: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го гледате и слушате: слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исчистуваат, глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосна вест! Благословени се оние што не се колебаат во однос на Мене!“ Штом Јовановите пратеници си заминаа, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Кога одевте кај Јована, во пустината, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот? Што излеговте да видите: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати! Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви велам, видовте и повеќе од пророк! Зашто, Јован е тој за кого Бог во Светото Писмо вели: ,Еве, испраќам Свој гласник, како претходница за Тебе; тој ќе го подготви патот пред Тебе.‘ Ви велам дека меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител, но и покрај тоа, и најмалиот во Божјото царство е поголем од него.“ Сиот народ што го слушаше - вклучувајќи ги и собирачите на данок - Му се покоруваа на ова Божјо барање и се крштаваа кај Јован Крстител. Само фарисеите и вероучителите го отфрлија Божјиот план, кој беше за нивно добро, и одбија да се крстат кај Јован. Исус продолжи: „Со што да ја споредам оваа генерација? Тие се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите: ,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте. Потоа ви запеавме таговни песни, но вие не заплакавте!‘ Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој постеше и не пиеше вино, а тие велеа: ,Демони има во него!‘ Потоа дојдов Јас, Синот Човечки, кој нормално јадам и пијам, а тие велат: ,Овој човек е ненаситник и пијаница, другар на собирачи на данок и на грешници!‘ Меѓутоа, Божјата мудрост се потврдува преку животите на оние што ја прифаќаат.“ Еден фарисеј Го покани Исуса на вечера во својот дом. Тој дојде во куќата на фарисејот и седна на трпезата. Одеднаш, се појави една жена, позната грешница. Таа беше разбрала дека Исус е на гости кај фарисејот, и дојде носејќи едно шише од алабастер полно со скапоцент мирис. Клекна зад Исус, до Неговите нозе, и плачејќи почна да Му ги мие нозете со своите солзи, да ги брише со својата коса, да ги бакнува и да ги мачка со скапоцениот мирис. Фарисејот, гледајќи го ова, си помисли за Исус: „Да е Овој вистински пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што го допира; би знаел дека е грешница!“ А Исус му рече: „Симоне, да те прашам нешто!“ „Кажи, Учителе“ - одговори тој. „Двајца луѓе му должеле пари на некој човек. Едниот му должел петстотини сребреници, а другиот педесет. Бидејќи не можеле да му платат, тој им ги простил долговите на обајцата. Што мислиш, кој од двајцата ќе има поголема љубов кон него?“ „Мислам, оној на кого му е простен поголем долг“ - одговори Симон. „Правилно процени!“ - Му рече Исус, па, свртувајќи се кон жената, Му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Кога дојдов во твојата куќа, ти ни вода на нозете не ми полеа, а таа со солзи ми ги изми и со својата коса ми ги избриша. Ти не ме доброса со бакнеж, а таа, откако Сум влезен, не престана да ми ги бакнува нозете! Ти не ми капна мирис на главата, а таа нозете ми ги намачка со скапоцен мирис. Затоа, ти велам: големиот број нејзини гревови и се простуваат, зашто таа покажа многу љубов спрема Мене. А на кој му е малку простено, тој само малку љубов покажува.“ Потоа и рече на жената: „Гревовите ти се простени!“ Луѓето што седеа со Него на трпезата почнаа да си шепотат: „Кој е Овој што и гревови простува!?“ А Исус и рече на жената: „Оди си спокојно; твојата вера те спаси!“ Потоа, Исус ги обиколуваше градовите и селата, проповедајќи ја Радосната вест за Божјото царство. Во Негова придружба беа дванаесеттемина Негови ученици и извесен број жени што ги беше исцелил од демонски духови и од разни болести. Меѓу нив беа: Марија, наречена Магдалена, од која Исус истера седум демони; Јоана - сопруга на Иродовиот висок службеник, Куза; потоа Сузана и многу други жени кои од своите лични средства ги помагаа Исуса и Неговите ученици. Околу Исус се насобра многу народ. Кај Него дојдоа жители од сите градови. Тогаш Тој им ја раскажа следнава споредба: „Еден сејач излезе да сее семе. Сеејќи така, дел од семето падна покрај патот, на тврда почва, каде што беше изгазено и исколвано од птиците. Друг дел од семето падна на каменеста почва, но штом про’рти, веднаш се исуши, бидејќи во плитката почва немаше доволно влага. Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата. Конечно, дел од семето падна на плодна почва, изникна и донесе стократен плод.“ По ова, Исус гласно заклучи: „Ако имате уши, слушајте внимателно!“ Учениците Го прашаа Исуса за значењето на оваа споредба, а Тој им рече: „Вам ви е дадено да ги запознаете тајните на Божјото царство, а на другите им се кажува преку споредби, за да гледаат, но да не видат, да слушаат, но да не разберат.“ „А еве што значи споредбата: семето е Божјата порака. Тврдата почва, покрај патот, ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката, но доаѓа Ѓаволот и ја одзема Божјата порака од нивните срца за да не поверуваат и да не се спасат. Каменестата почва ги претставува луѓето што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја прифаќаат, но таа не се вкоренува во нив, па тие остануваат верници само за кратко. Штом ќе настапи време на неволи, тие отпаѓаат. Трнливата почва ги претставува оние луѓе кои ја слушаат Божјата порака, но прекумерната световна грижа за овој живот како и занесот по збогатување и уживање ја задушуваат пораката во нив и тие не донесуваат зрели плодови. Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат пораката и ја одгледуваат во благородно и послушно срце и истрајуваат сe додека не донесат плод.“ „Никој не пали свеќа за да ја стави под капак или под кревет, туку ја клава на свеќник, пред вратата, за да им свети на оние што влегуваат во куќата. Зашто, сe она што се крие ќе излезе на виделина, секоја тајна ќе се дознае и ќе излезе пред јавноста. Значи, посветете му внимание на ова што го слушате, зашто, на оној што има нешто, ќе му се додаде уште, а на оној што нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има!“ Кај Исус дојдоа мајка Му и Неговите браќа, но од големата толпа народ не можеа да дојдат до Него. Некој Му јави на Исус: „Мајка ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да се видат со Тебе.“ А Тој им одговори: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што ја слушаат Божјата порака и ја исполнуваат.“ Еден ден Исус се качи на бротче, заедно со Своите ученици, на кои им рече: „Да преминеме на другата страна од езерово!“ И испловија. Додека пловеа, Тој заспа. Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне, а нивните животи беа загрозени. Учениците дојдоа кај Исус, Го разбудија, викајќи: „Господару! Господару! Гинеме!“ Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на разбрануваното езеро да се смират. Настапи длабока тишина. Потоа им се обрати на учениците: „Каде ви е верата!?“ А тие, стаписани и зачудени си шепотеа еден на друг: „Кој е Овој човек, што и на ветровите и на брановите им наредува и тие Му се покоруваат!?“ Исус и Неговите ученици пристигнаа во пределите на Гадара, спроти Галилеја. Кога Исус излегуваше на копното, Му пријде еден човек обземен со демонски духови, кој веќе подолго време одеше гол и не живееше дома, туку во гробните пештери. Забележувајќи Го Исуса, вресна, Му се фрли пред нозете и извика: „Што сакаш да ми сториш, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те молам не казнувај ме!“ Тоа го рече затоа што Исус му беше заповедал на демонскиот дух да излезе од човекот, кого веќе одамна го беше запоседнал. Иако го држеа како затвореник и го врзуваа со вериги, тој ги кинеше веригите и, гонет од демонскиот дух, бегаше во пустината. Исус го праша како се вика, на што тој одговори: „Легион“, зашто во него имаше цела легија демони. Демоните Го молеа Исуса да не ги праќа во Бездната. А во близината, на ридот, пасеше едно крдо свињи. Демоните Го замолија Исуса да ги пушти да влезат во свињите и Тој им дозволи. Излегувајќи од човекот, демонските духови влегоа во свињите, кои јурнаа низ стрмнината право во езерото и се удавија. Кога свињарите видоа што се случи избегаа и разгласија за тоа низ градот и околината. Луѓето излегоа да видат што се случило и кога дојдоа кај Исус го видоа човекот од кој беа излегле демонските духови како седи до Исусовите нозе, облечен и присебен. Се исплашија. А очевидците им раскажаа како беше исцелен обземениот човек. Тогаш целиот народ од гадарскиот крај Го замоли Исуса да си замине од кај нив, зашто голем страв им беше влегол во коските. Исус се качи на бротчето и си замина. А човекот што беше ослободен од демонските духови Го молеше и тој да Му се придружи; но Исус го одби, велејќи му: „Врати се дома и раскажувај за ова што Бог го направи за тебе!“ Така тој отиде и на целиот град му раскажуваше што направи Исус за него. Кога се врати, Исус беше топло поздравен од народот, зашто сите Го очекуваа. Му пристапи еден човек по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Тој се фрли пред Исусовите нозе и Го молеше да дојде кај него дома, каде што неговата ќерка единица, на возраст од дванаесет години, лежеше на умирање. Додека Исус одеше таму, многуброен народ се туркаше околу Него од сите страни. Меѓу народот имаше и една жена која веќе дванаесет години боледувала од крвавење. Го потрошила сиот свој имот по лекари, но никој не можел да ја излекува. Таа се проби меѓу народот, се приближи зад Исус и го допре работ од Неговата облека. Крвавењето веднаш и запре. А Исус запраша: „Кој Ме допре?“ Никој не се јавуваше, па Петар рече: „Учителе, има многу луѓе околу Тебе и сите Те туркаат!“ Но Исус беше упорен, велејќи: „Некој намерно Ме допре, зашто почувствував кога излезе исцелителна сила од Мене!“ Кога жената виде дека ќе биде откриена, дојде целата растреперена, падна пред Исусовите нозе и пред сите кажа зошто се допрела и дека веднаш оздравела. Тогаш Исус и рече: „Оди си спокојно, ќерко. Твојата вера те исцели.“ Додека Исус го зборуваше ова, пристигна гласник од куќата на управникот на синагогата, Јаир, и му рече: „Ќерка ти почина. Не додевај Му повеќе на Учителот!“ Исус го чу тоа и му рече на управникот: „Не плаши се! Само верувај и таа ќе оздрави!“ Пристигнувајќи во куќата, Исус не дозволи никој да влезе со Него, освен Петар, Јаков, Јован и родителите на девојчето. Сите веќе плачеа и го оплакуваа девојчето, а Исус рече: „Не плачете! Девојчето не е мртво, туку спие!“ Тие Му се потсмеваа, зашто знаеја дека девојчето е мртво. Исус ја фати за рака и гласно извика: „Девојко, стани!“ Тогаш нејзиниот дух и се врати и таа веднаш стана, а Исус нареди да и дадат нешто да јаде. Нејзините родители останаа вчудовидени, а Исус им нареди никому да не кажуваат за ова што се случи. Еден ден, Исус ги повика Своите дванаесет ученици и им даде моќ, овластувајќи ги да истеруваат демонски духови и да исцелуваат болести. Потоа ги испрати да проповедаат за Божјото царство и да исцелуваат болни, давајќи им ги следниве упатства: „Ништо не понесувајте на пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни пари, ниту облека за пресоблекување! Кога ќе дојдете во некоја куќа каде што ќе ви укажат гостоприемство, останете таму сe додека не си заминете од тој крај. Онаму каде што нема да ве примат, напуштете го тој град и истресете го правот од своите нозе, како сведоштво против нив.“ Учениците заминаа и обиколувајќи ги селата ја проповедаа Радосната вест и исцелуваа болни насекаде. Кога слушна за сето ова Ирод, гувернерот на областа Галилеја, се вознемири, зашто едни тврдеа дека Јован Крстител воскреснал од мртвите, други, пак, дека се појавил пророкот Илија, а трети дека воскреснал некој од старите пророци. Ирод говореше: „На Јован Крстител јас му ја отсеков главата; кој ли е човекот за кого слушам вакви необични работи!?“ И настојуваше да се види со Исуса. По извесно време, апостолите се вратија кај Исус и Му раскажаа за она што го беа направиле. Тогаш Тој ги поведе насамо, на едно тивко место, во околината на градот Бетцаида. Но кога луѓето разбраа каде е, се упатија кон Него. Тој ги прими и им говореше за Божјото царство и ги исцелуваше сите оние на кои им требаше оздравување. При квечерината, кај Исус дојдоа Неговите дванаесетмина ученици и Му рекоа: „Пушти ги луѓето да отидат до околните села и куќи и да си најдат преноќевалиште и храна, зашто местово е пусто.“ Но Исус им рече: „Дајте им вие нешто да јадат.“ Тие Му одговорија: „Имаме само пет леба и две риби; освен ако сакаш да појдеме и да купиме храна за сите овие луѓе.“ А имаше околу пет илјади мажи. Исус им рече на учениците: „Нека поседнат луѓето во групи од по педесет души.“ Така и направија, ги испоседнаа сите луѓе. Исус ги зеде петте леба и двете риби, и со поглед кон небото ги благослови и ги раскрши. Потоа им подаде на учениците да им ги разделат на луѓето. Сите јадеа и се наситија, а собраа и дванаесет кошници остатоци. Еднаш, кога Исус се молеше на тивко место, со Него беа само Неговите ученици. Тогаш Тој ги праша: „За Кого Ме сметаат луѓето?“ Тие Му одговорија: „Едни велат дека си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека си еден од старите пророци кој воскреснал од мртвите.“ „А за Кого Ме сметате вие?“ Петар одговори: „Ти Си Месијата испратен од Бог!“ Тогаш Исус строго им заповеда да не го кажуваат ова никому. Им го рече уште и тоа, дека Тој, Синот Човечки, мора многу да страда, отфрлен од старешините, од високото свештенство и од вероучителите; дека ќе биде убиен и дека ќе воскресне на третиот ден. Потоа Исус им се обрати на сите: „Тој што сака да биде Мој следбеник, треба да се откаже од своите себични амбиции, секојдневно да го носи својот крст и да тргне по Моите стапки. Секој што сака да си го чува животот само за себе - ќе го загуби; а тој што ќе го загуби животот заради Мене - ќе го спаси. Дали е добивка за човекот ако го добие и целиот свет, а себеси се изгуби и упропасти? Ако некој се срами од Мене и Моето учење, и Јас, Синот Човечки, ќе се срамам од него кога ќе дојдам во Својата слава и во славата на небесниот Татко и на светите ангели. Ве уверувам дека меѓу вас што стоите овде, има некои што нема да умрат додека не Го видат Божјото царство.“ По околу една седмица откако ги изговори овие зборови, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и се искачи на планината, за да се моли. Додека се молеше, лицето Му се преобрази и облеката Му стана блескаво бела. Наеднаш, во Негова придружба се најдоа двајца мажи кои разговараа со Него. Тоа беа Мојсеј и пророкот Илија. Нивниот изглед беше величествен и тие разговараа со Исус за смртта што Го очекуваше во Ерусалим. Петар и неговите другари ги беше совладал сон, но кога се разбудија Го видоа Исуса во величествен изглед, како и двајцата што стоеја со Него. Додека Мојсеј и Илија се разделуваа од Исус, Петар проговори, во отсуство на присебност: „Господару! Колку ни е убаво овде! Ајде да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија!“ Додека го изговараше ова, надојде облак и ги покри. Кога се најдоа во облакот, учениците многу се исплашија, а од облакот се чу глас, кој рече: „Ова е Мојот Син, Избраникот Мој; Него слушајте Го!“ Кога се чу гласот, Исус веќе беше останал Сам. Учениците молчеа за ова и во тоа време никому не му кажуваа за тоа што го беа виделе. Утредента додека Исус и тројцата Негови ученици слегуваа од планината ги пресретна многуброен народ. Еден човек извика од толпата: „Учителе! Те молам, погледни го мојот син, тој ми е единец! Го напаѓа зол дух, го тера да вреска, го фрла наваму-натаму и пена му избива на устата. Многу го измачува и долго не го пушта. Ги молев Твоите ученици да го истераат тој дух, но тие не можеа!“ Исус одговори: „Ах, колку неверно и грешно поколение сте вие! До кога ќе морам да останам со вас и да ве поднесувам!?“ Потоа му рече на човекот: „Донеси го синот овде!“ Додека момчето приоѓаше, демонскиот дух го кутна наземи и почна да го измачува. Исус со наредба го изгони демонскиот дух и го исцели момчето, па му го врати на таткото. Сите останаа вчудовидени пред Божјата моќна сила. И додека народот сe уште се восхитуваше од она што го правеше Исус, Тој им се обрати на Своите ученици и им рече: „Запомнете ги добро овие зборови: Синот Човечки ќе биде предаден во рацете на луѓето.“ Но учениците не ги разбраа овие зборови. За нив ова остана таинствено, а не се осмелуваа да Го прашаат Исуса што значат тие зборови. Меѓу учениците на Исус се разви расправија за тоа, кој од нив е најголем? Исус, познавајќи ги нивните мисли, повика едно дете, го стави крај Себе, и им рече: „Тој што го прима ова дете во Мое име - Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме испрати. Најголем меѓу сите вас е оној што е најпонизен!“ Тогаш Јован Му рече на Исус: „Господару! Видовме еден човек, кој во Твое име изгонува демонски духови и му наредивме да престане, зашто тој не оди со нас.“ Но Исус му одговори: „Немојте да му забранувате! Кој не е против вас, тој е со вас!“ Кога наближи времето да биде вознесен на небото, Исус решително тргна кон Ерусалим. Испрати гласници пред Себе, кои отидоа во едно самариско село, за да Му приготват преноќевалиште, но тие не сакаа да Го примат, зашто Тој одеше за Ерусалим. Кога го слушнаа тоа учениците Јаков и Јован, рекоа: „Господе, сакаш ли да заповедаме да слезе оган од небото, па да ги уништи, како што направи Илија?“ Но Исус се сврте кон нив и ги прекори. Потоа Исус и Неговите ученици отидоа во друго село. Додека патуваа, еден човек Му пристапи и рече: „Готов сум да Те следам насекаде!“ А Исус му одговори: „Лисиците си имаат дувла, птиците гнезда, но Јас, Синот Човечки, немам Свое место за почивање.“ А на еден друг човек, Исус му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Но човекот рече: „Господе, дозволи ми најпрво да одам да го погребам татко ми.“ Исус му одговори: „Остави ги духовно мртвите да ги погребуваат своите мртовци. Ти тргни да проповедаш за Божјото царство!“ И трет човек Му се обрати на Исус: „Ќе тргнам со Тебе, Господе, но дозволи ми најпрво да отидам и да се збогувам со моето семејство!“ Исус му рече: „Божјото царство нема полза од човек кој ја става раката на ралото, а гледа назад!“ По ова, Господ избра други седумдесет ученици и ги испрати двајца по двајца, како Своја претходница, во секој град и место каде што планираше да оди. Им рече: „Има голема жетва за собирање, а работници има малку. Затоа, молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата нива. Одете! Ве испраќам како јагниња меѓу волци. Не носете со себе ни ќесе со пари, ни торба, ни обувки! Не застанувајте по пат, дури ни за да се поздравите со некого. При влегувањето во секоја куќа, најпрво благословете со зборовите: ,Мир да има во оваа куќа!‘ Ако во таа куќа живее мирољубив човек, мирот навистина ќе му остане; ако не, повлечете го благословот за мир. Задржете се во истата куќа, јадете и пијте од она што имаат да ви дадат, зашто тој што работи ја заслужува својата плата. Не шетајте од куќа до куќа. Кога ќе влезете во некој град каде што ќе ве примат, јадете од тоа што ќе ви го принесат. Исцелувајте ги болните во тој град и зборувајте му на народот: ,Божјото царство допре и до вас!‘ Кога ќе стигнете во некој град каде што нема да ве примат, излезете на улиците и речете им: ,Ви го истресуваме дури и правот од вашиот град, што ни се прилепил за нозете! Но, да знаете дека Божјото царство се доближи и до вас!‘ Ве уверувам дека на Судниот ден ќе му биде полесно на Содом, одошто на тој град!“ „Тешко тебе, Коразине! Тешко и тебе Бетцаидо! Да беа во градовите Тир и Сидон направени чудата што беа извршени кај вас, тие одамна ќе се беа покајале, облекувајќи се во покајнички облеки и посипувајќи се со пепел! Но полесно ќе минат Тир и Сидон на Судниот ден одошто вие! А ти, граде Кафарнауме, што се креваш на високо, дури до небото - ќе се струполиш до адот! Исус им рече на Своите ученици: „Оној што вас ве слуша - Мене Ме слуша. Оној што вас ве отфрла - Мене Ме отфрла; а оној што Мене Ме отфрла - Го отфрла Бога, зашто Тој Ме испрати!“ Седумдесеттемина се вратија радосни, велејќи: „Господе, преку Твоето име нам ни се покоруваат и демонските духови!“ А Исус им рече: „Видов како падна Сатаната, како молскавица од небото! Ете, ви дадов моќ да газите на змии и скорпии и надмоќ над секоја непријателска сила - ништо да не може да ве повреди. Сепак, не радувајте се што ви се потчинуваат демонските духови, туку радувајте се што вашите имиња се запишани како жители на небото!“ Во тој миг Исус се исполни со радост, преку Светиот Дух, и рече: „Ти благодарам, небесен Татко, Господару на небото и на Земјата, што сето ова им го откри на скромните, а го скри од оние што мудруваат и се потпираат на својот разум. Да, Татко, така сакаше Ти. Мојот небесен Татко Ме има овластено Мене за сe. Никој не знае Кој е Синот, освен Таткото; и никој не знае Кој е Таткото, освен Синот и оние на кои Синот ќе реши да им открие.“ Потоа насамо им рече на учениците: „Благословени се очите што го гледаат ова што го гледате вие! Ви велам: многу пророци и цареви сакаа да го видат ова што го гледате вие, но не го видоа; сакаа да го слушаат тоа што вие го слушате, но немаа можност!“ Еден учител на верскиот Закон дојде и искушувајќи Го Исуса, Го праша: „Учителе! Што треба да правам за да стекнам вечен живот?“ Исус, во одговор му рече: „Што вели за тоа Светото Писмо? Што си прочитал во него?“ Човекот одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сите свои сили и со сиот свој разум“, и „Сакај го својот ближен како себеси“. „Токму така!“ - му одговори Исус. „Прави го тоа и ќе живееш.“ Но учителот на Законот сакаше да се оправда, па продолжи да Го прашува Исуса: „А кој е мојот ближен?“ Исус му одговори вака: “Еднаш, еден човек, слегувајќи од Ерусалим во Јерихо, беше нападнат од разбојници, кои го ограбија и натепаа, оставајќи го полумртов. Се случи тука да помине еден еврејски свештеник. Тој го забележа човекот, но го заобиколи и си замина. Истото се повтори кога тука помина и еден Левит: тој се доближи до човекот, го виде како лежи и си замина. Потоа намина еден Самарјанец, му пријде и кога го виде, му стана жал; па му ги исчисти раните со масло и вино и му ги преврза. Потоа го качи на своето добиче, го однесе до најблиската гостилница и го смести. Утредента, извади два сребреника, му ги даде на гостилничарот и му рече: „Погрижи се за него и ако потрошиш повеќе - ќе ти доплатам кога ќе се вратам!“ Потоа, Исус праша: „Што мислиш, кој од овие тројца се покажал како ближен за настраданиот од разбојниците?“ „Оној што бил љубезен спрема него!“ - одговори учителот на Законот. Тогаш Исус му рече: „Оди и ти постапувај така!“ Продолжувајќи го своето патување кон Ерусалим, Исус и Неговите ученици дојдоа во едно село каде што во својот дом ги пречека една жена по име Марта. Таа имаше сестра, по име Марија, која седна до Исусовите нозе за да Ги слуша Неговите поуки. Марта, пак, беше презафатена со послужување, па Му пријде на Исус и Му рече: „Господе, зар не Ти е жал што сестра ми ме остави да ја вршам целата работа сама!? Кажи и да дојде да ми помага!“ А Господ и рече: „Марто, Марто! Прекумерно се грижиш и тревожиш за многу нешта, а само едно е потребно! Марија го одбра најдоброто - она што ќе и остане трајно!“ Еднаш, Исус се молеше на едно место, па кога заврши, еден од Неговите ученици Му рече: „Господе, научи нe и нас како да се молиме, како што Јован Крстител ги научи своите ученици.“ Исус им рече: „Кога се молите, молете се вака: Небесен Татко: нека се почитува Твоето свето име, нека дојде Твоето Царство. Давај ни ја секојдневно храната што ни е потребна. Простувај ни ги гревовите, како што и ние им ги простуваме на нашите должници. Не оставај да им потклекнеме на искушенијата.“ Потоа Исус продолжи: „Замислете си дека некој од вас оди на полноќ кај својот пријател и му вели: ,Пријателе, позајми ми три парчиња леб, зашто од пат ми дојде еден пријател, а јас немам што да му принесам за јадење.‘ Замислете вашиот пријател однатре да ви довикне: ,Не додевај! Вратата ми е веќе заклучена, а и јас и децата сме веќе в постела. Не можам да станам и да ти дадам!‘ Ве уверувам, дека, ако не стане да ви даде затоа што ви е пријател, ќе стане и ќе ви даде сe што ви треба, за да си го зачува достоинството! Затоа, ви велам: молете и ќе добиете, барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви биде отворено. На секој што моли - ќе му се даде, секој што бара - ќе најде, на секој што тропа - ќе му биде отворено. Дали некој од вас, татковци, би му дал камен на синот, ако тој ве моли за леб!? Дали би му дале змија, ако тој ве моли за риба!? Дали би му дале скорпија, ако тој ви побара јајце!? Кога вие, кои сте лоши, знаете да им давате добри дарови на вашите деца, колку повеќе вашиот небесен Татко ќе им Го даде Светиот Дух на оние што Го молат!?“ Еднаш Исус истера демонски дух од еден нем човек и кога демонскиот дух излезе, човекот проговори. Народот беше восхитен, но некои луѓе зборуваа: „Тој ги изгонува демоните бидејќи Баалзибул - поглаварот на демонските духови е во Него!“ Други, пак, со цел да Го доведат во незгода, Му бараа знак од небото, но Тој, знаејќи ги нивните мисли, им рече: „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има раздор. Семејството се распаѓа ако во него има неслога. Ако Сатаната е противник самиот на себе - бидејќи вие тврдите дека Јас изгонувам демони со помош на Баалзибул - како може неговото царство да се одржува? Ако Јас изгонувам демонски духови со помош на Баалзибул, тогаш, кажете ми, со чија помош ги изгонуваат оние што го прават тоа од вашиот сопствен род? Затоа тие ќе ви судат! Ако, пак, Јас изгонувам демони со помош на Божјата сила, тогаш тоа е доказ дека Божјото царство е дојдено кај вас! Кога силниот, целосно вооружен, го чува својот дом, имотот му е безбеден. Но, кога некој посилен од него ќе го нападне и совлада, тој му го одзема оружјето во кое се надевал и му го зема пленот. Кој не е со Мене - тој е против Мене! Кој со Мене не собира - тој растура!“ „Кога еден зол дух ќе излезе од човекот, тој скита по запустени места во потрага по спокојство, кое не го наоѓа. Тогаш ќе си рече: ,Да се вратам јас во моето претходно живеалиште!‘ При враќањето забележува дека неговиот поранешен дом е исчистен и уреден, па оди и доведува уште седум духови, полоши од себе, со кои се враќа и се населува таму, така што состојбата на човекот сега му е уште полоша од претходната!“ Додека Исус го кажуваше ова, од народот се огласи една жена, и рече: „Благословена е жената што Те родила и одгледала!“ Тој и одговори: „Уште поблагословени се оние што ја слушаат Божјата порака и ја спроведуваат во дело!“ Сe повеќе народ се собираше, и Исус почна да говори: „Оваа генерација е расипана генерација! Тие бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот на пророкот Јона: како што Јона им беше знак на Ниневијците, така и Јас, Синот Човечки, ќе и бидам знак на оваа генерација. Ќе стане и кралицата од Шеба на Судниот ден и ќе ја осуди оваа генерација, зашто таа дојде од далечна земја, за да ја чуе мудроста на Соломон, а еве, пред вас стои Оној што е многу поголем од Соломон! На Судниот ден, жителите на градот Нинева ќе станат и ќе ја осудат оваа генерација, зашто во тоа време тие се покајаа преку проповедањето на Јона. Ве уверувам дека пред вас стои Некој што е многу поголем од Јона, а вие одбивате да се покаете!“ „Никој не пали свеќа за да ја скрие или стави под капак, туку ја става на свеќник, за да им свети на луѓето кои влегуваат. Вашите очи се светилка за телото. Здравото и бистро око ја пропушта светлината во целото тело и тоа ќе ви биде осветлено. Лошото око не ја пропушта светлината и целото тело ќе ви потоне во мрак. Затоа, внимавајте светлината што е во вас да не стане темнина! Ако си целосно исполнет со светлина, без ниеден темен дел, тогаш и насекаде околу тебе ќе зрачи светлина, како кога светилка те осветлува со своите зраци.“ Кога Исус го заврши Своето излагање, еден фарисеј го покани на ручек кај него. Исус отиде и седна на трпезата. Фарисејот се изненади кога забележа дека Исус не го изврши еврејскиот ритуал на миење пред да седне да јаде, а Господ му рече: „Да, вие фарисеите ги миете однадвор чашите и садовите, а однатре сте полни со лакомство и лошотија! Безумници! Зар Оној што ја создал надворешноста не ја создал и внатрешноста? Разделете им го на сиромашните тоа што е внатре, па сe ќе ви биде чисто! Тешко вам, фарисеи, кои давате десеток дури и од нане, од седеф и од секакви билки, а ги запоставувате правдата и љубовта спрема Бог! Треба во прв ред да го правите тоа што го запоставивте, а дури потоа и останатото. Тешко вам, фарисеи, кои сакате да седите на почесни места по синагогите и да ви искажуваат почит по плоштадите! Тешко вам, бидејќи сте како необележани гробишта по кои луѓето врват, без да знаат по што одат!“ Тогаш еден од учителите на верскиот Закон Му рече: „Учителе, со Твоите зборови нe навредуваш и нас!“ А Исус му одговори: „Тешко и вам, учители на верскиот Закон, зашто на луѓето им натоварувате тешки товари, кои одвај можат да се носат, а вие ни со прст не помагате! Тешко вам, зашто вие им подигате гробници на пророците, а тие беа убивани од вашите татковци! Така и самите ги потврдувате и ги одобрувате постапките на вашите татковци: тие ги убија, а вие им подигате гробници! Затоа Бог во Својата мудрост рече: ,Ќе им испратам пророци и апостоли; а тие, некои од нив ќе ги убијат, а некои ќе ги прогонуваат‘, но од оваа генерација ќе биде побарана одговорноста за сета пролеана крв на Божјите пророци од почетокот на светот: од крвта на Авел, па сe до крвта на Захарија, кој беше убиен меѓу жртвеникот и Светилиштето! Да, Јас ви кажувам дека оваа генерација ќе биде казнета за сите нив! Тешко вам, учители на верскиот Закон, зашто вие го зедовте клучот што ја отвора вратата на знаењето, но вие не влегувате, а оние што би сакале да влезат - ги спречувате!“ Додека Исус си заминуваше оттаму, вероучителите и фарисеите започнаа жестоко да Го критикуваат и да Му поставуваат секакви нападни прашања, во обид да Го фатат на некој збор и да Го обвинат. Кога се насобра многуброен народ, така што луѓето едни на други си ги газеа стапалата, Исус најпрво им се обрати на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квасец, односно, од нивното лицемерство! Сe што е прикриено, ќе биде откриено и секоја тајна ќе биде јавно изнесена. Сe што сте кажале во темнина, ќе излезе на виделина, и тоа што сте го шепотеле во собите, ќе се разгласува од покривите!“ „Ви велам, пријатели мои: не плашете се од оние што можат да го убијат само телото, а потоа не можат ништо повеќе! Да ви кажам од Кого треба да се плашите: плашете се од Бога, Кој, откако ќе убие, има моќ да ги фрли луѓето во пеколот! Ве уверувам дека од Него треба да се плашите! Не се продаваат ли пет врапчиња за две парички? Сепак, ниту едно од нив не е заборавено од Бог! А вам и влакната на главата ви се броени! Затоа, не плашете се - вие сте многу поскапоцени од јата врапчиња!“ „Ве уверувам дека, секој што овде на земјава јавно ќе се изјасни дека Ме прифаќа Мене, и Јас ќе се изјаснам дека го прифаќам него, во присуство на Божјите ангели! Секој, пак, што овде на земјава ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе се откажам и Јас од него пред Божјите ангели. На оној што Ме навредува Мене, Синот Човечки, може да му се прости, но на оној што Го навредува Светиот Дух - нема да му биде простено! Кога ќе ве приведат на сослушување во синагогите, пред управници и владетели, не грижете се за тоа како ќе се браните и што ќе зборувате, зашто во тој час Светиот Дух ќе ве поучи што треба да кажете.“ Од народот се огласи еден човек и Му рече на Исус: „Учителе! Кажи му на брат ми да го подели со мене имотот што ни остана од татко ни!“ А Исус му одговори: „Човеку! Кој Ме поставил Мене да ви пресудувам и да ви го делам имотот!?“ Потоа им се обрати на сите: „Внимавајте и пазете се од секаков вид лакомство, зашто ни на оној што е многу богат, животот не му е сигурен само затоа што е богат!“ Потоа им ја кажа следнава споредба: “Си беше еднаш еден богат човек, чии ниви родија богат род. Тој почна да размислува вака: ,Што да правам? Немам доволно место да го соберам сиот род!‘ Па си рече: ,Еве што ќе направам: ќе ги урнам моите складови за жито и на нивното место ќе подигнам поголеми, па во нив ќе го соберам сето жито и сето мое богатство. Тогаш ќе и речам на мојата душа: душо, имаш насобрано големо богатство, за многу години. Олабави се, јади, пиј и уживај!‘ Но Бог му рече: ,Глупаку! Уште вечерва ќе ти ја земам душата! На кого ќе му припадне сето ова што си го насобрал!?‘ Ете, ваква ќе му биде судбината на секој што си напластува само земни богатства, а не се збогатува со она што вреди пред Бог!“ - заклучи Исус. Потоа Исус им се обрати на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се премногу за храната и за облеката што ви е потребна. Животот е многу повеќе од храната, и телото - од облеката. Гледајте ги гавраните: ни сеат, ни жнеат, ниту имаат амбари и складови; нив Бог ги храни. А колку поскапоцени од птиците сте вие! Може ли некој да си го продолжи животот преку грижи? Па, ако не можете да постигнете ни толку мала работа, тогаш, зошто се грижите за останатото!? Погледнете како растат полските цвеќиња: ниту работат, ниту предат, па, сепак, ви велам дека ни царот Соломон, во блесокот на својата слава, не беше накитен како едно од нив! Ако Бог вака ја облекува тревата, која денес постои, а веќе утре в оган се фрла, нема ли и за вас да се погрижи? Колку малку вера имате! Затоа, нека не ве мачат грижи за тоа што ќе јадете или што ќе пиете - не вознемирувајте се за тоа! Тоа им е својствено на народите кои не го познаваат Бога, кои се јадосуваат поради овие работи. Вашиот небесен Татко знае дека тие работи ви се неопходни. Вие, пак, грижете се најнапред за Божјото царство, а сите останати работи ќе ви бидат обезбедени. Не плаши се, мало стадо, зашто вашиот небесен Татко со задоволство ќе ви го даде Царството! Продавајте ги своите имоти и разделувајте им ги парите на сиромасите. На тој начин ќе добиете торби што не се кинат, со трајно богатство на небото - таму, каде што ниту крадци провалуваат, ниту молци уништуваат! Зашто, срцето секогаш ќе ви биде таму каде што ви е богатството.“ „Бидете подготвени - облечени за работа и со запалени светилки - како слуги што го очекуваат својот господар да се врати од свадбена веселба. Штом тој ќе пристигне и ќе затропа на вратата, тие веднаш му отвораат. Блазе на тие слуги кои господарот ќе ги затекне будни кога ќе се врати. Ве уверувам дека тој ќе се зафати со работа, а нив ќе ги седне и ќе ги послужува! Блазе ним ако ги затекне будни, макар тој да се врати на полноќ, или в рани зори! Ова запомнете го: кога домаќинот би знаел во кое време ќе му упадне крадец, не би дозволил тој да му провали во куќата! Така и вие, бидете подготвени, зашто Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во час во кој не Ме очекувате!“ Тогаш Петар Го праша: „Господе, дали оваа споредба се однесува само на нас или на сите?“ Во одговор, Господ му рече: „Кој е верен и мудар слуга? Тоа е оној, кого неговиот господар го поставил да раководи со домашните работи и да им дава навреме храна на другите слуги. Блазе си му на тој слуга, ако неговиот господар, при своето враќање го затекне како си ја извршува задачата! Ве уверувам дека господарот ќе го унапреди таквиот слуга, за да раководи со сиот негов имот! Но ако тој слуга си рече: ,Мојот господар ќе го нема уште долго време‘ и почне да ги тепа другите слуги и слугинки, да се оддава на јадење, на пиење и на опивање, тогаш, неговиот господар ќе се врати во ден во кој не го очекува и во ненадеен час, и најстрого ќе го казни, фрлајќи го меѓу оние што го изневериле. Слугата кој знаел што очекува од него неговиот господар, а не постапил според неговата волја, ќе биде најсурово казнет. Слугата, пак, кој не знаел што очекува од него неговиот господар, а направил нешто што заслужува казна - ќе биде поблаго казнет. Многу ќе се бара од оној на кого многу му е дадено. Повеќе се очекува од оној на кого повеќе му е доверено!“ „Јас дојдов да запалам оган на Земјата - и колку би сакал Мојата задача да беше веќе завршена! Мене Ме очекува страшно „крштавање“ и многу Ми е тешко додека тоа не се заврши! Зар вие мислите дека Јас дојдов да воспоставам мир на Земјата? Ви велам: не мир, туку раздор! Отсега натаму, во семејство од пет членови ќе дојде до поделби за, и против Мене: тројца против двајца и двајца против тројца. Татковци ќе бидат против своите синови и синови против своите татковци; мајки против ќерки и ќерки против мајки; свекрви против снаи и снаи против свекрви!“ Исус му се обрати на народот и рече: „Кога гледате дека се креваат облаци на запад, велите: ,Ќе врне дожд!‘ - и така бидува. Кога гледате дека дува јужен ветар, велите: ,Ќе биде горештина!‘ - и така бидува. Лицемери! Изгледот на небото и на Земјата умеете да го препознавате, а не умеете да го препознаете ова време!?“ „Зошто самите не пресудите што е право? Ако некој те обвини и те даде на суд, потруди се уште по пат да го разрешиш спорот преку спогодба, за да не бидеш одведен на суд, па судијата да те предаде на органите на законот кои ќе те фрлат в затвор. Те уверувам дека нема да излезеш оттаму сe додека не го платиш и последниот грош!“ Во тоа време дојдоа некои луѓе кај Исус и Му кажуваа за група Галилејци што ги убил Пилат додека тие принесувале жртви во ерусалимскиот храм, така што нивната крв се измешала со крвта на жртвите. А Тој им рече: „Немојте да мислите дека овие Галилејци биле најгрешните луѓе меѓу Галилејците, затоа што настрадале на ваков начин! Не, туку, и вам ви велам: ако не се покаете - сите ќе изгинете така! И немојте да мислите дека оние осумнаесетмина што беа згмечени кога врз нив падна кулата во Шилоах беа најгрешни меѓу жителите на Ерусалим! Ви велам дека не беа најгрешни, но ако не се покаете - сите ќе изгинете така!“ Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Еден човек имаше во лозјето насадено смоква. Кога дојде да набере плод од неа - не најде. Тогаш му рече на лозарот: „Еве, веќе три години по ред доаѓам и барам плод на оваа смоква, но плод нема; затоа - пресечи ја! Зошто само да ја испостува земјата?“ А лозарот му одговори: „Господару! Остави ја уште годинава. Јас ќе ја опкопам и ќе ја наѓубрам; можеби тогаш ќе роди нешто. Ако и потоа не роди ништо - пресечи ја!“ Една сабота Исус поучуваше во синагогата. Тука се најде една жена која беше обземена со демонски дух и боледуваше веќе осумнаесет години. Беше целата згрбавена и не можеше да се исправи. Штом ја забележа, Исус ја повика кај Себе и и рече: „Жено, те ослободувам од твојата болест!“ Потоа ги стави рацете врз неа и таа веднаш се исправи, па почна да го прославува Бога. Но управникот на синагогата се налути и му рече на насобраниот народ: „Има шест дена за работа! Тогаш доаѓајте и исцелувајте се, а не во сабота!“ А Исус му одговори: „Колку сте лицемерни! Сите вие си ги одврзувате волот и магарето од јаслите и ги водите на поење и во сабота, а се противите на ослободувањето од болеста во сабота на оваа ќерка Авраамова, која Ѓаволот веќе осумнаесет години ја држи врзана!“ Кога го рече тоа, се посрамија сите Негови противници, а народот им се радуваше на сите чуда што ги правеше Исус. Потоа Исус рече: „Со што да го споредам Божјото царство? Тоа може да се спореди со синапово зрно што ќе го посее човек во својата градина. Тоа израснува и се развива во стебло на кое и птиците слетуваат и си прават гнезда меѓу неговите гранки.“ Исус продолжи: „Со што да го споредам Божјото царство? Тоа може да се спореди со квасец што го зема жена и го замесува со три мери брашно; и целото тесто нараснува!“ На пат кон Ерусалим, Исус патуваше низ градови и села, поучувајќи ги луѓето. Некој го праша: „Господине, мал број ли ќе бидат луѓето што ќе се спасат?“ А Исус им се обрати на сите: Вратата кон небото е тесна, затоа трудете се да влезете низ неа. Ве уверувам дека мнозина ќе сакаат да влезат, но нема да можат! Штом ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата, тогаш, вие, ако останете надвор, ќе тропате и ќе викате: ,Господе, отвори ни!‘ А Тој ќе ви одговори: ,Не ве познавам кои сте и од каде сте?‘ Вие ќе викате: ,Со тебе јадевме и пиевме; Ти поучуваше по нашите улици!‘ Но Тој повторно ќе ви рече: ,Не знам кои сте и од каде сте! Бегајте од Мене сите вие што вршевте зло!‘ Колку ќе плачете и ќе крцкате со заби тогаш, кога ќе ги видите Авраам, Исак, Јаков и сите пророци во Божјото царство, а вие ќе останете избркани надвор! Таму ќе има луѓе од исток и од запад, од север и од југ и ќе седнат на трпезата во Божјото царство. Некои што овде се презрени, таму ќе бидат почитувани, а некои што овде се почитувани, таму ќе бидат презрени!“ Во тие мигови кај Исус дојдоа неколку фарисеи и Му рекоа: „Замини си одовде и оди на некое друго место, зашто Ирод сака да Те убие!“ Но Исус им одговори: „Одете кај тој лисец и кажете му: уште денес и утре ќе истерувам демонски духови и ќе исцелувам, а на третиот ден ќе завршам. Но денес, утре и задутре морам да го продолжам Својот пат, зашто не прилега Божји пророк да загине на друго место, туку - во Ерусалим!“ „Ерусалиме, Ерусалиме - ти што ги убиваш Божјите пророци и ги каменуваш Божјите пратеници испратени во тебе! Колкупати се обидував да ги закрилам твоите жители, како што квачката ги закрилува пилињата под своите крилја, но не Ми допуштивте! Затоа, вашиот дом ќе биде препуштен да запусти. Ве уверувам дека отсега нема да Ме видите, сe додека не дојде време кога ќе речете: ,Благословен да биде Оној што доаѓа во името на Господ!‘ Една сабота, Исус дојде на ручек во куќата на еден фарисеј, член на Големото собрание. Сите присутни Го држеа Исуса на око. Тогаш на Исус Му пристапи еден човек со отоци на рацете и нозете, а Исус им се обрати на учителите на верскиот Закон и на фарисеите, па ги праша: „Дали е во согласност со Законот да се врши исцелување и во сабота, или не?“ Тие молчеа. Тогаш Исус го допре болниот и го исцели, испраќајќи го здрав. Потоа им се обрати ним: „Ако ви се случи синот или некое ваше добиче да падне в бунар во сабота, нема ли веднаш да го извадите, иако е сабота?“ Но тие и на ова не можеа ништо да Му одговорат. Исус забележа дека некои од гостите ги одбираа почесните места за седење, па им го кажа следниов совет: „Кога некој ќе те покани на свадба, не седнувај веднаш на почесното место, за да не дојде некој поважен од тебе, па домаќинот што ве поканил и тебе и него, да дојде и да ти рече: ,Отстапи му го местото на овој гостин‘, а ти посрамотен да мораш да седнеш на последното место. Туку, кога си поканет, оди и седни си на последното место, па кога домаќинот ќе дојде, да ти каже: ,Пријателе, дојди наваму, на подобро место!‘ Така ќе бидеш почестен пред сите присутни. Зашто секој што самиот се возвишува, ќе биде понижен, а кој ќе се однесува понизно, ќе биде возвишен.“ Тогаш Исус му рече на домаќинот: „Кога покануваш луѓе на ручек или на вечера, не поканувај ги пријателите, браќата или роднините, ниту пак богатите соседи, зашто потоа и тие ќе те поканат тебе и со тоа ќе ти возвратат за честа. Туку, на своите гозби поканувај сиромаси, сакати, куци и слепи. Така ќе бидеш благословен, зашто тие не се во состојба да ти возвратат. Но ќе ти биде возвратено на денот кога праведниците ќе воскреснат.“ Кога го чу ова еден од оние што седеа на трпезата, Му рече на Исуса: ,Блазе на оние што ќе седат на трпеза во Божјото царство!‘ А Исус му одговори со следнава споредба: “Си беше еднаш еден човек, кој приготви голема вечера и им упати покани на голем број гости. Кога дојде времето за вечерата, тој го испрати својот слуга да ги повика гостите, велејќи им: ,Дојдете, сe е подготвено!‘ Но сите тие, еден по друг, почнаа да се изговараат. Првиот му рече: ,Купив нива и морам да одам да ја видам; прости, но не можам да дојдам.‘ Вториот му рече: ,Купив пет ѕевгари волови и морам да одам да ги испробам; прости, но не можам да дојдам.‘ Третиот му рече: ,Штотуку се оженив и не ќе можам да дојдам.‘ Слугата се врати дома и му раскажа сe на својот господар. Домаќинот многу се налути и му рече на својот слуга: ,Оди бргу по раскрсниците и по градските улици и доведи ги сиромасите, куците, слепите и сакатите!‘ Набргу, слугата го извести: „Господару, направено е сe како што заповеда, но има уште слободни места!‘ Тогаш господарот му рече на слугата: ,Излези по патиштата и меѓу оградите и поттикни ги луѓето да дојдат, за да ми се наполни куќата! Ве уверувам, дека, ни еден од оние што беа поканети на почетокот, нема да вкуси од мојата вечера!‘“ По Исус врвеше голема толпа луѓе и Тој им се обрати со зборовите: „Никој не може да дојде кај Мене и да стане Мој ученик, ако не Ме сака повеќе од татка си, мајка си, жената, децата, браќата и сестрите, па и од својот сопствен живот! Кој не го носи својот крст и не оди по Моите стапки - не може да биде Мој ученик. Кога некој од вас сака да изгради кула, не седнува ли прво да пресмета дали ќе има доволно пари да ја заврши градбата? Во спротивно, може да започне со темелите и да заклучи дека не може да продолжи, па сите што ќе видат ќе му се подбиваат, велејќи: ,Овој човек почнал да ѕида нешто што не може да го доврши!‘ Кога некој цар се готви за војна против друг цар, не седнува ли најпрво да се преиспита, дали со своите десет илјади војници ќе може да му се противстави на оној што го напаѓа со дваесет илјади војници? Ако заклучи дека не може, тој ќе испрати гласници уште додека другиот цар е далеку, и ќе моли за примирје. Значи, никој не може да стане Мој ученик додека не Ме стави Мене пред сe друго што има.“ „Солта е добра, но ако таа стане блутава, со што ќе се осоли? Таква не би била добра ни за почвата, ни за ѓубривата, па се исфрла надвор. Ако имате уши, слушајте внимателно!“ Голем број наплатувачи на данок и други отпадници доаѓаа да Го слушаат Исус. А фарисеите и учителите по верски Закон почнаа да негодуваат, велејќи: „Овој човек се спријателува со отпадници, па и заедно со нив јаде!“ Тогаш Исус им ја кажа оваа споредба: „Ако некој од вас има сто овци и една од нив се загуби во пустината, нема ли да ги остави деведесет и деветте и да тргне по загубената, сe додека не ја најде? А кога ќе ја најде, целиот радосен ја качува на рамото, и ја носи дома. Потоа ги повикува пријателите и соседите и им вели: ,Радосен сум што си ја најдов загубената овца! Ајде да го прославиме тоа заедно!‘ Ве уверувам, дека, на сличен начин, поголема е веселбата на небото за еден грешник кој преку покајание се враќа кај Бог, одошто за деведесет и девет праведници на кои не им е потребно покајание!“ „Ако една жена има низа од десет сребреници и загуби еден од нив, нема ли да запали светло, да ја измете целата куќа и да го бара сребреникот, сe додека не го најде? Па кога ќе го најде, ги повикува пријателките и сосетките и им вели: ,Радосна сум што си го најдов сребреникот! Ајде да го прославиме тоа заедно!‘ Ве уверувам, дека, на сличен начин, Божјите ангели се веселат за еден грешник кој преку покајание се враќа кај Бог.“ Исус продолжи: „Еден човек имаше два сина. Дојде кај него помладиот син и му рече: ,Татко, дај ми го мојот дел од имотот, сега!‘ И таткото им го раздели имотот. По неколку дни помладиот син го продаде својот дел и замина со парите во далечна земја. Таму ги потроши сите пари, живеејќи во разврат. Кога потроши сe што имаше, земјата ја зафати голем глад и тој се најде во немаштија. Отиде како наемник кај еден тамошен човек, кој го прати в поле да му ги чува свињите. Страден беше да си го наполни стомакот со желадите што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. Конечно, тој се свести и рече: ,Сите наемници кај татко ми имаат храна во изобилство, а јас овде гладувам! Ќе станам, ќе појдам кај татко ми, и ќе му речам: ,Татко, ви згрешив и на Бог и тебе! Повеќе не сум достоен да се нарекувам твој син. Прими ме кај тебе како наемник!‘ Така тој стана и се упати кај татка си. Додека тој беше уште далеку, таткото го здогледа како доаѓа. Му падна жал и му притрча во пресрет, го гушна и го бакна. Синот почна да му зборува, велејќи: ,Татко, ви згрешив и на Бог и тебе! Повеќе не сум достоен да се нарекувам твој син ...‘ Но таткото го прекина, заповедајќи им на своите слуги: ,Донесете ја бргу најдобрата облека и облечете го! Ставете му и прстен на раката и обувки на нозете! Доведете го најдоброто теле, заколете го - да јадеме и да го прославиме ова, зашто, овој син беше мртов за мене, а сега оживе; беше загубен, а сега е најден!‘ И така започна прославата. Постариот син, пак, беше на нива. Враќајќи се дома, тој уште оддалеку слушна песни и игри, па, повикувајќи еден од слугите, го праша што се случува. ,Брат ти се врати‘ - му одговори слугата, ,па татко ти го закла најдоброто теле, радосен што го виде здрав.‘ Постариот брат се налути и не сакаше да влезе дома. Излезе татко му и почна да го моли. Но тој му рече на татка си: ,Јас ти работев како роб сиве овие години и никогаш не ти бев непослушен, а ти ниеднаш не ми даде ни едно јаре за да се провеселам со пријателите. А кога се врати овој твој син, кој по блудници го потроши сиот свој имот, за него го закла најдоброто теле!‘ Таткото му одговори: ,Сине, ти си секогаш овде, со мене, и сe што е мое е и твое. Но треба да се радуваме и да прославиме, зашто брат ти беше мртов и оживе; беше загубен, но сега е најден.‘“ На Своите ученици, Исус им ја раскажа и следнава приказна: „Еден богат човек имаше свој куќен настојник за кој слушал гласови дека му го растура имотот. Го повика кај себе и му рече: ,Што е ова што го слушам за тебе? Поднеси ми завршен извештај за управувањето со мојот имот, зашто повеќе не си мој настојник!‘ Тогаш настојникот си рече: ,Господарот ќе ме отпушти од работа; што да правам? Да копам не можам, а се срамам да просам. Сега знам што треба да сторам, за да си стекнам пријатели кои ќе ме примаат во своите домови, кога ќе бидам отпуштен од работа.‘ Па ги повика сите должници на неговиот господар и го праша првиот: ,Што и колку му должиш ти на мојот господар?‘ ,Сто буриња маслиново масло‘ - му одговори тој. ,Еве ти нова потврда и напиши дека должиш педесет буриња‘ - му рече настојникот. Потоа го праша вториот: ,Колку должиш ти?‘ Овој одговори: ,Сто вреќи пченица.‘ Настојникот му рече: ,Еве ти нова потврда и напиши осумдесет.‘ И господарот го пофали неправедниот настојник, зашто постапил снаодливо. Бездруго, световните луѓе се многу поитри во вршењето на своите работи во споредба со побожните луѓе.“ Потоа Исус продолжи: „Јас ви порачувам: стекнувајте си пријатели со световното богатство, па кога него ќе го снема, ќе бидете примени во вечните домови. Тој што е верен во мали работи, ќе биде верен и во големи, а тој што е нечесен во мали работи, ќе биде нечесен и во големи. Ако не се покажете верни со земното богатство, кое не е вистинско богатство, не очекувајте да ви биде доверено вистинското, небесно богатство. Ако не сте верни со она што не е ваше, не очекувајте дека ќе ви биде дадено вашето!“ „Ниеден слуга не може верно да им служи на двајца господари: или едниот ќе го сака, а другиот ќе го мрази, или едниот ќе го почитува, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите и на Бог и на парите!“ Сето ова го слушаа фарисеите и Му се подбиваа на Исус, зашто тие беа лакоми за пари. А Исус им рече: „Вие се правите праведни пред луѓето, но Бог ви ги познава срцата: во очите на луѓето сте големи, но пред Бога сте гнасни! Мојсеевиот Закон и учењата на пророците беа на сила до времето на Јован Крстител. Оттогаш наваму се проповеда Радосната вест за Божјото царство и секој навалува да влезе во него. Но попрво ќе исчезнат небото и Земјата, отколку еден ситен детаљ од Божјиот Закон.“ „Тој што ќе се разведе од својата жена и ќе се ожени за друга - врши прељуба. Тој што ќе се ожени со разведена жена - исто така врши прељуба.“ „Си беше еднаш еден многу богат човек, кој се облекуваше во скапоцена и модерна облека, секој ден се гоштаваше и живееше раскошно. А имаше и еден сиромашен човек, по име Лазар, целиот во рани, кој просеше пред портите на богатиот, копнеејќи да се прехрани од она што се фрлаше од трпезата на богатиот, таму, каде што и пците доаѓаа да му ги лижат раните. Кога почина сиромавиот, ангелите го одведоа на небото, каде што е Авраам. Почина и богатиот и беше погребан. Тој заврши во адот, во страшни маки, од каде што во далечините го забележа Авраама, а до него и Лазара, па извика: ,Татко Аврааме! Имај милост спрема мене и испрати ми го Лазар со намокрен прст да ми го разлади јазикот, зашто страшно се измачувам во овој оган!‘ А Авраам му рече: ,Сети се, синко, дека во твојот живот ти ги имаше сите добри работи, а Лазар сите лоши. Сега, тој ужива овде, а ти се мачиш. Освен тоа, меѓу нас и вас има длабока бездна преку која никој не може да помине ни одовде таму, ни оттаму ваму.‘ А бившиот богатник рече: ,Тогаш, те молам, татко Аврааме, испрати го Лазар во домот на татко ми, каде што имам петмина браќа; нека ги предупреди сериозно, за да не втасаат и тие на ова страшно место на измачување!‘ А Авраам му одговори: ,Тие ги имаат светите писма на Мојсеј и на пророците за да ги предупредуваат; нив нека ги почитуваат.‘ Но тој пак продолжи: ,Не, татко Аврааме, тоа нема да ги обрати; само ако им дојде некој од мртвите, тие ќе се обратат!‘ Во заклучок, Авраам му одговори: ,Ако не ги слушаат учењата на Мојсеј и на пророците нема да поверуваат дури ни ако некој воскресне од мртвите!‘“ Еден ден, Исус им се обрати на Своите ученици: „Искушенија што наведуваат на грев секогаш ќе има, но тешко на оној преку кого доаѓаат! Подобро би било да му врзат воденички камен околу вратот и да го фрлат в море, отколку да наведе на грев некое малечко. Внимавајте на себе! Ако ти згреши братот, укори го, па ако се покае - прости му. Дури и седумпати на ден ако ти згреши и секојпат дојде кај тебе и ти рече: ,Се каам‘ - прости му.“ Апостолите Го замолија Господ Исус: „Зголеми ја верата во нас!“ А Исус им одговори: „Ако имате вистинска вера само колку едно синапово зрно, би можеле да и кажете на оваа црница: ,Искорни се и пресади се в море!‘ - и таа ќе ве послуша!“ „Замислете си дека имате слуга кој сте го пратиле да ора или да ви ги пасе овците. Кога ќе се врати од полето, дали најпрво му велите: ,Седни и бргу вечерај!?‘ Нема ли најпрво да му заповедате да подготви вечера за вас, да се препаше и да ве служи, па дури потоа тој да јаде и да пие? Зар му должите благодарност на слугата што ја извршил вашата заповед? И вие сте во слична положба: ако го извршите сето она што ви е заповедано, можете само да кажете: ,Ние сме само слуги кои си ја вршат својата должност, свесни дека за тоа не ни следува никаква пофалба.‘“ На Својот пат кон Ерусалим, Исус минуваше по должината на границата меѓу Самарија и Галилеја. Токму кога влегуваше во едно село, Го пресретнаа десет заболени од лепра. Застанаа на извесно растојание и повикаа: ,Исусе! Господару! Имај милост спрема нас!‘ Исус ги погледна и им рече: ,Одете на преглед кај свештениците!‘ Додека одеа таму, оздравеа. Еден од нив, кога виде дека оздраве, се врати кај Исус, славејќи Го Бога на сиот глас. Падна ничкум пред Исусовите нозе и почна да Му се заблагодарува. Тој човек беше Самарјанец. Тогаш Исус рече: „Зар не исцелив десетмина? Каде се останатите девет души?“ Ниеден од нив не се врати да Му заблагодари на Бог, освен овој туѓинец. Потоа Исус му рече: „Стани и оди си, твојата вера те исцели!“ Еден ден, некои од фарисеите Го прашаа Исуса: „Кога ќе завладее Божјото царство?“ Неговиот одговор гласеше: „Божјото царство не доаѓа на видлив начин. Не може да се каже: Еве го овде! или Ене го онде! Божјото царство е меѓу самите вас.“ Потоа им рече на Своите ученици: „Ќе дојде време кога ќе копнеете да Ме видите Мене, Синот Човечки, макар и само еден ден, но нема да Ме видите. Ќе има луѓе што ќе ви зборуваат: ,Ене Го онде!‘ или ,Еве Го овде!‘ Не одете по нив да Го барате, зашто, како што молскавицата светка на едниот крај на небото, а болскотот и се гледа до другиот крај, така ќе биде и со Синот Човечки на денот на Неговото враќање. Но Тој најпрво ќе мора да настрада и да биде отфрлен од оваа генерација. Во времето кога ќе се вратам Јас, Синот Човечки, состојбата во светот ќе биде слична со онаа во времето на Ное: луѓето си продолжуваа да јадат, да пијат, да се женат и да се мажат, сe додека Ное не влезе во ковчегот и настапи потопот, кој сите нив ги погуби. Состојбата во светот ќе биде како во времето на Лот: луѓето си продолжуваа да јадат, да пијат, да купуваат и да продаваат, да садат и да градат. Но штом Лот излезе од Содом, од небото се истури оган и сулфур и сите ги погуби. Истото ќе се случи и кога ќе се вратам Јас, Синот Човечки. Во тој ден, оној што ќе се најде на покрив, нека не слегува по својата покуќнина! Тој што ќе се најде в поле, нека не се враќа дома! Сетете се што и се случи на Лотовата жена! Оној што ќе настојува грчовито да си го зачува животот - ќе го загуби, а тој што до смрт ќе го вложи во Божја служба - ќе го запази! Таа ноќ, од двајца што ќе спијат во ист кревет - едниот ќе биде земен, а другиот оставен. Од две жени што ќе мелат заедно - едната ќе биде земена, а другата оставена. („Двајца ќе работат на нива, едниот ќе биде земен, а другиот оставен.“) Учениците Го запрашаа: „Кај ќе се случи тоа, Господе?“ Тој им одговори: „Каде што е мршата - таму ќе се соберат и мршојадците!“ Потоа Исус им ја кажа следнава споредба, за да им покаже дека треба постојано да се молат и да не се обесхрабруваат. „Во еден град имаше судија кој немаше ни страхопочит спрема Бог, ни срам од луѓето. Во истиот град имаше и една вдовица, која честопати доаѓаше кај него и го молеше: ,Заштити ме од мојот противник!‘ Судијата долго време не преземаше ништо, но најпосле си рече: ,Иако јас немам ни страхопочит спрема Бог, ни срам од луѓето, сепак, заради упорноста на оваа жена ќе се заложам за неа, за да престане да доаѓа и да ми додева!‘“ Во продолжение, Господ рече: „Чувте ли што рекол неправедниот судија? Зар нема и Бог да се заземе за Своите луѓе, кои Му се молат дење и ноќе!? Зар ќе задоцни со Својата помош? Ве уверувам дека Тој брзо ќе се заземе за нив! Само, ќе најдам ли Јас, Синот Човечки, луѓе што ќе имаат вера кога ќе се вратам на Земјата?“ За оние што беа самоуверени во својата праведност и ги потценуваа другите, Исус ја кажа следнава споредба: „Двајца мажи влегоа во храмот да се молат; едниот беше фарисеј, а другиот собирач на данок. Горделивиот фарисеј стоеше одвоено и се молеше вака: ,Ти благодарам, Боже, што јас не сум грешник, како што се другите луѓе: разбојници, нечесни, прељубници; ниту пак како овој собирач на данок, овде! Двапати неделно постам и во храмот давам десеток од сите мои приходи!‘ А собирачот на данок стоеше подалеку и не се осмелуваше ни да погледне кон небото, туку се удираше во градите и се молеше вака: ,Боже! Имај милост спрема мене, зашто јас сум грешник!‘ Ве уверувам дека собирачот на данок, а не фарисејот, си замина оправдан пред Бога! Зашто, оној што се крева на големо - ќе биде понижен, а оној што се понизува - ќе биде издигнат!“ Некои луѓе Му ги носеа на Исус своите дечиња, за да ги благослови, полагајќи раце врз нив. Кога Исусовите ученици го видоа тоа, почнаа да ги одвраќаат, но Исус ги повика децата кај Себе и рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај Мене и не спречувајте ги, зашто Божјото царство им припаѓа на таквите како нив! Ве уверувам дека тие што нема да го прифатат Божјото царство како малите деца - нема да влезат во него!“ Еден од еврејските старешини Го праша Исуса: „Добар Учителе! Што треба да сторам за да се здобијам со вечен живот?“ Исус му одговори: „Зошто Ме нарекуваш ,добар‘? Само Бог е добар и никој друг. Заповедите ги знаеш: ,Не врши прељуба, не убивај, не кради, не обвинувај лажно, почитувај ги татка си и мајка си ...‘“ Човекот одговори: „Спрема сите овие заповеди се придржувам уште од својата младост.“ Слушајќи го ова, Исус му рече: „Ти недостасува уште само една работа: продај сe што имаш, раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе имаш богатства на небото. Потоа, дојди и биди Мој следбеник.“ Кога го чу ова, човекот се разочара, зашто беше многу богат. Забележувајќи дека човекот се разочара, Исус рече: „Колку е тешко богат човек да влезе во Божјото царство! Полесно ќе се спровре камила низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во Божјото царство!“ Тие што Го слушаа, Го запрашаа: „Тогаш, кој може да се спаси!?“ Исус им одговори: „Тоа што не можат да го сторат луѓето, може да го стори Бог.“ Тогаш Петар Му рече: „Ете, ние оставивме сe што имавме и станавме Твои следбеници!“ Исус одговори: „Ве уверувам дека секој што оставил куќа, жена, браќа, родители или деца заради Божјото царство, ќе добие многу повеќе, уште на овој свет, а и вечен живот на идниот свет!“ Потоа Исус ги поведе со Себе дванаесеттемина Свои ученици и им рече: „Слушајте! Сега ќе влеземе во Ерусалим, каде што за Синот Човечки ќе се исполни сe што претскажале пророците. Тој ќе им биде предаден на Римјаните кои ќе Го исмеваат, ќе Го навредуваат и ќе Го плукаат, ќе го камшикуваат и ќе Го погубат, но на третиот ден Тој ќе воскресне.“ Меѓутоа, учениците не разбраа ништо од ова; овие зборови им звучеа таинствено и им остана нејасно, што сакаше Исус да им каже. Кога Исус се доближи до градот Јерихо, крај патот седеше еден слеп човек и просеше. Кога слепиот слушна дека крај него минува толпа народ, запраша: „Што се случува?“ Тие му одговорија: „Минува Исус од Назарет!“ Тогаш слепиот повика: „Исусе, Сине Давидов, имај милост спрема мене!“ Минувачите го замолкнуваа, но тој викаше уште погласно: „Исусе, Сине Давидов, имај милост спрема мене!“ Исус запре и заповеда да Му го донесат слепиот. Кога се доближи, Исус го праша: „Што сакаш да сторам за тебе?“ Тој одговори: „Да прогледам, Господе!“ Исус му рече: „Прогледај! Твојата вера те исцели!“ Во истиот миг, човекот прогледа и Му се придружи на Исус, славејќи Го Бога, а и сиот народ, кога го виде ова, Му оддаваше слава на Бог. Исус влезе во Јерихо и мина низ градот. Одеднаш, Му пристапи еден човек, по име Закеј, кој беше богат даночен управник. Тој се обидуваше да види како изгледа Исус, но беше низок по раст и од многубројниот народ не можеше да Го види. Затоа, тој истрча пред народот и се искачи на една дива смоква крај која требаше да помине Исус, за да Го види. Кога Исус втаса до тоа место, погледна нагоре и му рече: „Закеј! Слези брзо! Денес доаѓам во твојот дом!“ Закеј бргу слезе и сиот радосен Го прими Исуса на гости во својот дом. Сите што го видоа ова, почнаа да негодуваат, велејќи: „Отиде на гости кај грешен човек!“ Закеј стана и Му рече на Господ Исус: „Господе! Еве, половината од мојот имот ќе им ја разделам на сиромасите, а доколку некого сум оштетил ќе му надоместам четирикратно!“ Во одговор, Исус рече: „Денес во овој дом пристигна спасението; зашто овој човек покажа дека е чедо Авраамово. А Јас, Синот Човечки, дојдов за да ги барам и да ги спасам оние што се загубени.“ Додека народот го слушаше ова излагање, Исус во продолжение им раскажа уште една споредба. Причината беше тоа што луѓето мислеа дека сега ќе биде воспоставено Божјото царство, бидејќи Исус веќе се приближуваше кон Ерусалим. Тој им рече: “Еден човек, од благородничко потекло, се упати во една далечна земја, каде што требаше да биде прогласен за цар, а потоа планираше да се врати. Пред да замине, тој ги повика своите десет слуги, им даде десет големи сребреници, па им рече: ,Тргувајте со овие пари додека се вратам.‘ Неговите сограѓани го мразеа овој човек и по него испратија гласници да порачаат: ,Не сакаме тој да царува над нас!‘ Човекот сепак беше прогласен за цар и се врати во својот крај. Веднаш заповеда да ги повикаат слугите на кои им ги беше дал парите, за да чуе кој колку спечалил. Дојде првиот и му рече: ,Господару! Со твојот сребреник спечалив уште десет сребреници!‘ Господарот му одговори: ,Одлично! Ти си добар слуга! И бидејќи ја оправда довербата во оваа мала задача, еве, те поставувам за управител над десет градови!‘ Дојде вториот слуга и му рече: ,Господару! Со твојот сребреник спечалив уште пет сребреници!‘ Господарот и нему му одговори: ,Тебе те поставувам за управител над пет градови!‘ Дојде и третиот слуга и рече: ,Господару! Еве ти го назад твојот сребреник. Го чував врзан во шамиче, зашто се плашев од тебе, знаејќи дека си строг човек: земаш од каде што не си вложил и жнееш каде што не си сеел!‘ Но Господарот му рече: ,Расипан слуго! Твоите зборови ќе ги искористам за да те осудам! Кога си знаел дека сум строг човек и дека земам од каде што не сум вложил и жнеам каде што не сум сеел, зошто не го вложи мојот сребреник во некоја банка, па кога ќе се вратев, ќе си го подигнев со камата!?‘ Потоа, господарот им рече на оние околу него: ,Земете го сребреникот од него и дајте му го на оној што има десет сребреници!‘ Тие му рекоа: ,Господару, тој веќе има десет сребреници!‘ Но тој им одговори: ,Ве уверувам, дека, на оној што веќе има спечалено нешто, ќе му се даде уште, а од оној што нема спечалено ништо, ќе му се одземе и тоа што го има! А сега, доведете ги и погубете ги пред мене сите мои непријатели, кои се противеа на моето царување над нив!‘“ Завршувајќи го излагањето, Исус, на чело на народот, продолжи да се искачува кон Ерусалим. Кога се приближи до Бетфага и Бетанија, на Маслиновата Гора, испрати двајца од Своите ученици и им рече: „Одете до селото што е пред вас. На влезот во селото ќе најдете врзано младо магаре кое никој досега не го јавал. Одврзете го и доведете го. Ако некој ве праша: ,Зошто го одврзувате?‘, кажете му дека Му е потребно на Господ.“ Тие заминаа и најдоа сe како што им беше кажал Исус. Кога го одврзуваа магаренцето, неговите сопственици ги прашаа: „Зошто го одврзувате магаренцето?“ Тие одговорија: „Потребно Му е на Господ!“ и го доведоа кај Исус, ги положија своите облеки врз магаренцето, па Го качија Исуса. Додека Тој јаваше, народот ги постилаше своите облеки по патот. Кога се доближи до Ерусалим, на падините на Маслиновата Гора, големиот број Негови ученици почнаа радосно и гласно да пеат, славејќи Го Бога за сите величествени нешта што ги беа виделе, велејќи: „Благословен нека биде Царот, Кој доаѓа во името на Господ! Мир на небото и слава на Бог во височините!“ Тогаш, некои од фарисеите кои се најдоа меѓу народот, Му рекоа: „Учителе! Нареди им на Твоите ученици да замолкнат!“ Исус им одговори: „Да ви кажам нешто: Ако тие замолкнат, камењата ќе извикуваат!“ Кога Исус се приближи до Ерусалим и го виде пред Себе, заплака за него, и рече: „Ех, кога би знаел ти денес што е потребно за да има мир во тебе! Но твоите очи сега не можат да го видат тоа. Ќе дојде време кога твоите непријатели ќе те опколат со барикади, ќе те стават под опсада и ќе те затворат од сите страни. До темел ќе те разурнат и ќе ги погубат твоите жители, ниту камен врз камен нема да остават, сe поради тоа што ти не го препозна времето кога Бог те посети за да ти понуди спасение!“ Потоа Исус влезе во храмот и почна да ги исфрла оние што таму тргуваа, велејќи: „Во Светото Писмо стои напишано дека Бог рече: ,Мојот храм нека биде место за молитва‘, а вие го претворивте во разбојничко дувло!“ Исус поучуваше во храмот секој ден. А свештеничките поглавари, вероучителите и водачите на народот настојуваа да Го убијат, но не наоѓаа погоден начин, зашто сиот народ Го слушаше и не сакаше да пропушти ниту збор. Еден ден, додека Исус го поучуваше народот во храмот и му ја проповедаше Радосната вест, Му пријдоа свештенички поглавари, вероучители и старешини и Го прашаа: „Со какво право го вршиш ова? Кој Те овластил?“ А Тој им одговори: „Да ве прашам и Јас нешто. Кажете ми, од каде го доби Јован Крстител правото да крштава: од Бога или од луѓето?“ Тие почнаа меѓу себе да разговараат, прашувајќи се: „Ако кажеме дека го доби од Бога, ќе ни рече: ,Тогаш, зошто не му поверувавте!?‘ Ако пак кажеме дека го доби од луѓето, сиот овој народ ќе нe каменува, зашто е уверен дека Јован беше пророк!“ Затоа, Му одговорија дека не знаат. Тогаш Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам кој Ми го даде правото да го правам ова што го правам!“ Потоа Исус му ја кажа на народот следнава споредба: “Еден човек си насади лозје, им го даде под наем на лозарите и си замина од тој крај на подолго време. Кога дојде времето за гроздобер, тој прати еден од своите слуги за да му го донесе делот од бербата што му припаѓа како надомест. Но лозарите го натепаа и го испратија со празни раце. Потоа прати друг слуга, но лозарите и него го натепаа, го понижија и го испратија со празни раце. Прати и трет слуга, но лозарите и него го претепаа и го избркаа. Тогаш сопственикот на лозјето рече: ,Што да правам? Ќе го испратам мојот син - љубимецот мој; се надевам дека спрема него ќе покажат почит.‘ Но кога лозарите го видоа синот, си рекоа еден на друг: ,Еве го наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘ Исфрлајќи го надвор од лозјето, тие го убија. Сега, што ќе им направи сопственикот на лозарите? Ќе дојде и ќе ги погуби тие злосторници, а лозјето ќе им го даде под наем на други лозари!“ А луѓето што го слушаа ова, рекоа: ,Да не даде Господ вакво нешто да се случи!‘ Исус ги погледна и ги праша: „Тогаш, што значат следниве зборови запишани во Светото Писмо: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија, стана камен - темелник‘? Секој што ќе се сопне од тој камен ќе се распарчи, и врз кого тој ќе падне - ќе го здроби!“ Во тој момент, вероучителите и свештеничките поглавари сакаа да Го уапсат Исуса, бидејќи сфатија дека кажаната споредба се однесува на нив; но се плашеа од народот. Продолжија да Го држат на око, а Му испраќаа и поткажувачи кои се преправаа дека се искрени, за да Го уловат на зборови и да Го поткажат на властите и на покраинските управници. Тие Му велеа: „Учителе, знаеме дека тоа што го зборуваш и го учиш е правилно. Знаеме дека Ти не гледаш на тоа кој е кој, туку вистинито го проповедаш Божјиот пат. Кажи ни, дали ние треба да му плаќаме данок на римскиот император, или не?“ Исус го проѕре нивното лукавство, па им рече: „Покажете ми една римска монета. Чиј лик и име се втиснати на монетата?“ Тие Му одговорија: „На императорот“. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога - тоа што Му припаѓа на Бога!“ И не можеа да Го уловат на збор пред народот, па затоа, вчудовидени, замолкнаа. Тогаш на Исус Му пријдоа некои садукеи (тие не веруваат во воскресение на мртвите) и Го прашаа: „Учителе! Мојсеј ни остави ваков пропис: Ако некој човек умре, оставајќи ја својата жена без пород, тогаш со неа нека се ожени братот на починатиот, за да му подигне пород кој ќе се смета за потомство на починатиот човек. Си беа седуммина браќа. Најстариот се ожени и умре без да има деца. Тогаш вториот по возраст брат ја зеде жената, а по него и третиот, и така по ред - до седмиот. Сите тие умреа не оставајќи пород зад себе. На крајот умре и жената. Сега, чија жена ќе биде таа по воскресението, со оглед на тоа што им била жена на сите седуммина?“ Исус им одговори: „На овој свет мажите и жените стапуваат во брак, додека оние што ќе бидат достојни за оној свет и за воскресението, ниту ќе бидат женети, ниту мажени. Тие ќе бидат како ангели и ќе бидат бесмртни. Ќе бидат Божји чеда, бидејќи се чеда на воскресението. А и Мојсеј јасно покажа дека мртвите воскреснуваат, кога во настанот со ,разгорената грмушка‘ Му се обрати на Господ со: ,Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.‘ Очигледно, Тој е Бог на живите, а не на мртвите, и за Него сите се живи!“ На ова, некои од вероучителите Му рекоа: ,Добро им одговори, Учителе!‘ И повеќе не се осмелија да Му поставуваат никакви прашања. Исус ги запраша: „Како може да се смета дека Месијата е потомок на Давид? Не вели ли самиот Давид, во книгата на Псалмите, вака: ,Јахве Му рече на Мојот Господ: седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!‘ Значи, Давид Го нарече Него ,Господ‘; како може, тогаш, Месијата да биде Давидов потомок?“ Додека сиот народ Го слушаше, Исус им се обрати на Своите ученици: „Чувајте се од вероучителите кои сакаат да шетаат во своите долги облеки и да бидат поздравувани на јавните места; да седат на челните места по синагогите и на почесните места на гозбите! Тие ги искористуваат вдовиците и ги ограбуваат нивните домови, а потоа редат долги молитви! Затоа, тие ќе бидат посурово казнети!“ Кружејќи со погледот, Исус виде како богатите ставаат големи парични прилози во храмот. Потоа виде и една сиромашна вдовица која стави само две бакарни парички, па рече: „Ве уверувам дека оваа сиромашна вдовица даде поголем прилог од сите, бидејќи, сите други дадоа прилози за храмот од вишокот што го имаат, а таа, и покрај својата сиромаштија, ја даде сета своја животна издршка.“ Бидејќи некои луѓе зборуваа за храмот, за неговите украсни камења и за подарените работи во него, Исус рече: „Доаѓа време кога од сето ова што го гледате ниеден камен нема да остане на своето место - сe ќе биде разурнато!“ Тогаш тие Го прашаа: „Учителе, кога ќе се случи тоа? По што ќе се познае дека тоа ќе почне да се исполнува?“ А Тој им рече: „Чувајте се да не бидете заведени. Мнозина ќе се појават под Моето име и ќе тврдат: ,Јас сум вистинскиот Месија!‘ и ,Дојде времето!‘ Не одете по таквите!“ „Нека не ве обзема паника кога ќе чуете за војни и револуции! Сето тоа ќе мора да се случи во почетокот, но тоа не е крајот.“ Потоа Тој продолжи: „Ќе се кренат народи и ќе војуваат едни против други, едно царство против друго. Ќе има силни земјотреси, а на разни места ќе има глад и смртоносни епидемии. На небото ќе се јавуваат необични и страшни појави. Но пред сето ова, вас ќе ве апсат и ќе ве прогонуваат. Ќе ве водат на судење по синагогите и ќе ве затвораат. Ќе ве изведуваат пред цареви и владетели, поради вашата вера во Мене. Но тоа ќе бидат можности за вас, да посведочите за Радосната вест. Запомнете дека не треба да се грижите како ќе се браните, зашто Јас ќе ви дадам такви зборови и мудрост на кои вашите противници не ќе можат да им противречат и да им се противставуваат. А ќе ве предаваат и вашите сопствени родители, браќа, роднини и пријатели. Некои од вас ќе бидат и погубени. Сите ќе ве замразат поради вашата вера во Мене. Но, ни влакно од главата нема да ви падне. Останете непоколебливи и ќе ги спасите своите души.“ „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте дека наскоро тој ќе биде разурнат. Тогаш тие што ќе се најдат во Јудеја нека бегаат во планините! Тие што се во Ерусалим нека излезат од него! Тие што ќе бидат по нивите нека не се враќаат во градот! Зашто, тоа ќе биде време на Божја казна и ќе се исполни сe што е запишано за тоа во Светото Писмо. Тоа ќе биде посебно тешко време за трудниците и за доилките, зашто големо страдање ќе ја зафати оваа земја и Божјиот гнев ќе се урне врз овој народ! Едни ќе бидат со меч убиени, други ќе бидат одведени како робови меѓу сите народи. А Ерусалим ќе го газат туѓи, нееврејски народи, додека не помине нивното време.“ „Необични појави ќе има на Сонцето, на Месечината и на ѕвездите. На Земјата цели народи ќе бидат потиштени и исплашени пред неизвесноста и бучавата на морето и разбеснетите бранови. Луѓето ќе премираат од страв, во исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и вселенските сили ќе отстапат од законитоста по која дејствуваат. Тогаш ќе Го видат Синот Човечки, како доаѓа на облак со величествена моќ и слава! Кога сето ова ќе почне да се случува, исправете се со кренати глави, зашто вашето спасение е сосема близу!“ Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Имајте ги предвид смоквите и другите дрвја. Кога ќе забележите дека разлистуваат, знаете дека се приближува летото. Така, кога ќе видите дека сите овие работи почнуваат да се случуваат, ќе знаете дека Божјото царство наближува. Ве уверувам, дека оваа генерација нема да изумре, додека сето ова не се исполни. Небото и Земјата ќе исчезнат, но Моите зборови ќе останат засекогаш.“ „Чувајте се да не се занесете во прослави, во пиење или во прекумерни грижи за овој живот, зашто Оној ден ќе ве затекне ненадејно, како замка што ќе дојде по сите луѓе, во целиот свет! Бидете на штрек и молитва во секое време, за да имате сили успешно да го пребродите сето ова што ќе се случи и да застанете исправени пред Синот Човечки.“ Дење Исус поучуваше во храмот, а ноќите ги минуваше на Маслиновата Гора. И сиот народ, уште рано наутро доаѓаше во храмот, за да Го слуша Исуса. Се приближуваше празникот на бесквасни лебови, познат како Пасха. Свештеничките поглавари и вероучителите настојуваа да најдат начин да Го убијат Исуса, но се плашеа од бунт меѓу народот. Тогаш Сатаната влезе во Јуда наречен Искариот, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Тој отиде кај свештеничките поглавари и кај управителите на храмот да се договори како да им Го предаде Исуса. Тие се израдуваа и му ветија дека ќе му платат за тоа. Јуда се согласи и почна да бара погоден момент да им го предаде кога нема да има народ наоколу. Дојде денот на празникот Бесквасни лебови, кога за пасхалната вечера се колеа јагниња. Исус ги испрати Петар и Јован со следниве упатства: „Одете и подгответе ја за нас пасхалната вечера.“ А тие Го прашаа, каде сака да ја подготват вечерата? Тој им одговори: „Кога ќе влезете во Ерусалим, ќе сретнете еден човек како носи стомна со вода. Следете го до куќата во која тој ќе влезе, и кажете му на сопственикот на куќата: ,Учителот прашува каде е собата во која Тој со Своите ученици ќе ја прослави пасхалната вечера?‘ Тој ќе ви покаже веќе наместена голема соба, на горниот кат; тука подгответе ја вечерата.“ Тие отидоа и навистина најдоа сe како што им беше рекол Исус и ја приготвија пасхалната вечера. Кога дојде времето, Исус седна на трпезата со Своите апостоли, и им рече: “Имав голема желба да ја јадам со вас оваа празнична вечера, пред да почнат Моите страдања; зашто, еве, ви кажувам, дека повеќе нема да ја прославувам пасхалната вечера, сe додека во целост не се исполни нејзиното значење во Божјото царство!“ Потоа Исус ја крена чашата, Му заблагодари на Бог и им рече на Своите апостоли: „Земете го ова вино и поделете го меѓу себе. А, еве, ви кажувам дека по ова Јас повеќе нема да пијам вино сe додека не се воспостави Божјото царство.“ Потоа Исус зеде леб, Му заблагодари на Бог, го раскрши на парчиња и им го раздели, велејќи им: „Ова го претставува Моето тело, кое се дава за вас. Правете го ова како спомен на Мене.“ Исто така, по вечерата им ја подаде чашата и им рече: „Оваа чаша со вино го претставува Божјиот нов завет, што ќе биде заверен со Мојата крв, која се пролева за вас. Но еве ја веќе раката на Мојот предавник, кој вечерва седи со Мене на трпезава! Да, Јас, Синот Човечки, ќе умрам како што Ми е определено, но тешко на оној што Ме предава!“ Тогаш апостолите почнаа меѓу себе да се прашуваат, кој може меѓу нив да биде тој што ќе Го предаде? Меѓу учениците на Исус настана расправија околу тоа кој од нив ќе биде на највисока позиција. А Исус им рече: „Царевите на другите народи владеат над своите народи и сакаат да бидат нарекувани ,Народни добротвори.‘ Но меѓу вас не смее да биде така! Напротив, најголемиот меѓу вас треба да се потчини како да е најмлад; водачот треба да ви служи. Кој е поголем: оној што седи или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А еве, Јас Сум меѓу вас како слуга. Вие останавте со Мене во текот на сите Мои искушенија. И, еве, Јас ви давам царска чест, како што и небесниот Татко ми ја даде Мене. Вие ќе јадете и ќе пиете на Мојата трпеза, во Царството Мое, ќе седите на престоли и ќе им судите на дванаесетте израелски племиња.“ Исус продолжи: „Симоне, Симоне! Еве, Сатаната побара дозвола да ве искуша сите. Тој ќе се обиде да ве просее, како што земјоделецот ја просејува пченицата. А Јас се молев за тебе, Симоне, да не потклекнеш во твојата вера. Така и ти, кога повторно ќе се вратиш кај Мене, поткрепувај ги своите пријатели христијани!“ Петар одговори: „Господе! Јас сум готов да одам со Тебе и во затвор и во смрт!“ Но Исус му рече: „Еве, ти кажувам, Петре, пред да запеат петлите в зори, ти трипати ќе одрекуваш дека воопшто Ме познаваш!“ Потоа Исус ги праша Своите ученици: „Кога ве испратив на претходната мисија без ќесиња, без торби и чевли, дали бевте во скудност за нешто?“ Тие Му одговорија: „Не, за ништо!“ Но овојпат ви велам: „Кој има ќесе или торба, нека ги земе со себе; и кој нема меч, нека си го продаде палтото и нека си купи меч. Зашто, еве, ви кажувам дека за Мене мора да се исполни она што е претскажано во Светото Писмо: “Тој ќе биде осуден како да е злосторник!“ Тоа ќе се оствари за Мене сега. Учениците Му рекоа: „Господе, имаме два ножа!“ А Тој им рече: „Доволно зборувавме за тоа!“ Потоа Исус си замина од горната соба и отиде, како и обично, на Маслиновата Гора. Со Него појдоа и Неговите ученици. Кога стигна на тоа место, им рече: „Молете се да не потклекнете пред искушението!“ А Тој се одвои од нив, на растојание колку што може да се фрли камен со рака и клекна да се моли: „Небесен Татко! Ако сакаш, Те молам поштеди Ме од оваа страдалничка чаша! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата желба.“ Тогаш Му дојде ангел од небото и Го бодреше. Кога Го обзеде стравотна внатрешна борба, Тој уште поревносно се молеше, така што пот му капеше по земјата како капки од крв. Станувајќи од молитва, Тој се врати кај Своите ученици и ги затекна заспани, премалени од големата тага. Па им рече: „Зошто спиете!? Станете и молете се за да не потклекнете пред искушението!“ Уште додека Исус зборуваше, пристигна толпа народ, предводена од Јуда, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Јуда Му се приближи на Исус, за да Го бакне, во знак на поздрав. А Исус му рече: „Јуда! Зар со бакнеж Го предаваш Синот Човечки!?“ Кога учениците на Исус сфатија што се случува, повикаа: „Господе! Да се браниме со ножеви!“ И еден од нив замавна кон слугата на Првосвештеникот и му го отсече увото. Но Исус им рече: „Престанете!“ Потоа со допир му го исцели увото на човекот. Потоа Исус им се обрати на свештеничките поглавари, на управителите на храмот и на старешините кои заедно беа дојдени да Го фатат: „Зар требаше да дојдете по Мене со ножеви и со стапови, како да Сум разбојник!? Со вас бев секојдневно во храмот, зошто таму не Ме уапсивте? Но ова е вашиот миг и времето на мрачните сили.“ Тие Го уапсија Исуса и Го одведоа во куќата на Првосвештеникот. А Петар Го следеше оддалеку. На средината на дворот запалија оган и поседнаа наоколу. Им се придружи и Петар. Една од слугинките го забележа крај огнот, се загледа во него и рече: „И овој човек беше следбеник на Исус!“ Но Петар почна да одречува: „Жено! Јас не Го ни познавам!“ По извесно време, еден друг човек го забележа, па и тој рече: „И ти си еден од нив!“ Но Петар му одговори: „Не сум, човеку!“ Измина уште приближно еден час, кога некој пак тврдеше, велејќи: „Несомнено, и овој беше со Исус, а и Галилеец е!“ Но Петар и овојпат одговори: „Не знам што зборуваш, човеку!“ Во истиот миг, додека Петар уште зборуваше, запеа петел. Свртувајќи се, Господ Исус погледна во Петар. Тогаш Петар се сети на Господовите зборови, што порано му ги беше кажал: ,Пред да запеат петлите в зори, ти трипати ќе одречеш дека Ме познаваш!‘ Тогаш Петар излезе оттаму и горко заплака. Чуварите што го држеа Исуса, Му се подбиваа и Го удираа. Му ги врзаа очите и Му говореа: „Погоди кој Те удри!“ Му упатуваа и многу други навредливи зборови. Кога се раздени, се состанаа народните старешини, свештеничките поглавари и вероучителите и Го изведоа Исуса пред еврејскиот Врховен совет. Тогаш Го прашаа: „Кажи ни, Ти ли си Месијата?“ Исус им одговори: „И да ви кажам, нема да Ми верувате! И кога би ве прашал нешто, вие нема да Ми одговорите. Но отсега Јас, Синот Човечки, ќе седам оддесно на Семоќниот Бог.“ А тие во еден глас Му рекоа: „Тогаш, значи, Ти тврдиш дека си Божјиот Син, зар не?“ Тој им одговори: „Да! Вие самите рековте дека Јас сум Тој“. Тогаш, тие рекоа: „Зар ни треба поголем доказ од овој!? Самите чувме што рече!“ Тогаш целиот Совет стана и Го одведе Исуса кај римскиот гувернер Пилат, па почна да ги изнесува своите обвиненија: „Утврдивме дека овој човек го заведува нашиот народ, ги поттикнува луѓето да не му плаќаат данок на императорот, а тврди и дека Тој е Месијата, царот!“ Пилат Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“ Тогаш Пилат им рече на свештеничките поглавари и на народот: „Не наоѓам никаква вина за да Го осудам овој човек.“ Но тие уште поупорно викаа: „Тој го поттикнува народот на бунт по целата јудејска земја! Најпрво почна од Галилеја, па втаса довде!“ Откако Пилат го чу ова, праша: „Зар овој човек е Галилеец?“ Кога разбра дека Исус потекнува од покраината над која владее Ирод Антипа, веднаш Го прати кај него, бидејќи тој во тоа време се наоѓаше во Ерусалим. Ирод се израдува кога Го виде Исуса, зашто беше чул за Него и одамна имаше желба да Го види, надевајќи се дека Исус и пред него ќе изврши некое чудо. Ирод Му поставуваше многубројни прашања, но Исус воопшто не му одговараше. Тука беа и свештеничките поглавари и вероучителите, кои изнесуваа жестоки обвиненија против Исус. Ирод и неговите војници Му се подбиваа на Исус и Го понижуваа. Потоа Го облекоа во раскошна облека и повторно Го испратија кај Пилат. На тој ден Ирод и Пилат се спријателија, бидејќи дотогаш беа противници. Пилат ги повика свештеничките поглавари, членовите на Врховниот совет и народот, и им рече: „Вие ми го доведовте овој човек под обвинение дека го поттикнува народот на одметништво. Еве, јас Го испрашав пред вас и не утврдив никаква вина кај Него од она за што вие Го обвинувате, ниту пак Ирод најде некаква вина кај овој човек и затоа Го врати назад кај мене. Овој човек не сторил ништо со што би заслужил смртна казна. Предлагам да Го предадам на камшикување и да Го пуштам.“ (Секоја година, по повод празникот Пасха, Пилат им ослободуваше по еден затвореник.) Но тие сите во еден глас повикаа: „Погуби Го овој, а пушти ни го Бараба!“ Бараба беше затворен поради учество во некој градски бунт и поради убиство. Пилат сакаше да Го пушти Исуса, па затоа повторно им се обрати на присутните, но тие продолжија да викаат: „Распни Го! Распни Го!“ Пилат по третпат им се обрати: „А какво злосторство извршил? Јас не најдов никаква вина кај Него за да Го осудам на смрт! Затоа, предлагам да биде камшикуван, а потоа ослободен!“ Но тие со голема викотница продолжуваа да бараат Исус да биде распнат и конечно надвладеаја. Пилат реши да го задоволи нивното барање. Им го пушти од затвор човекот чие ослободување го бараа - затвореникот за бунт и убиство - а Исуса им Го препушти на нивната волја. Одведувајќи Го Исуса, војниците наидоа на еден човек по име Симон Киренеецот, кој се враќаше од полето и го натераа тој да го носи крстот за распнување на Исус, одејќи по Него. По Исуса врвеше многуброен народ, меѓу нив и некои жени, кои плачеа и Го оплакуваа. Исус се сврте кон нив и им рече: „Ќерки ерусалимски! Не оплакувајте Ме Мене, туку себеси и своите деца, зашто идат денови, кога ќе се вели: ,Блазе си им на неротките, на утробите што не раѓале и на градите што не доеле!‘ Во тие дни луѓето ќе им довикуваат на планините: ,Паднете врз нас!‘, и на ридовите: ,Затрупајте нe!‘ Зашто, ако вака се постапува со зеленото стебло, тогаш што ли го очекува искршеното!?“ Покрај Исус, на распнување водеа и двајца злосторници. Кога пристигнаа на местото наречено ,Череп‘, таму ги распнаа Исуса и злосторниците: едниот оддесно, а другиот одлево на Исуса. А Исус се молеше вака: „Прости им, Татко, зашто тие не се свесни, всушност, што прават!“ Неговите облеки ги поделија меѓу себе со жрепка. Народот стоеше и го гледаше сето ова, а еврејските водачи Му се подбиваа, велејќи: „Другите ги спасуваше, нека се спаси сега Самиот Себеси, ако е Тој навистина Месијата - Избраникот Божји!“ Му се подбиваа и војниците. Му приоѓаа и Го принудуваа да пие оцет, говорејќи: „Спаси се, ако си цар на Евреите!“ Над Него ставија штица со натпис, кој гласеше: ,Овој е Царот на Евреите!‘ Еден од распнатите злосторници Го навредуваше Исуса и Му велеше: „Зар не си Ти Месијата? Ајде, спаси се и Себеси и нас!“ Другиот, пак, го прекори и му рече: „Немаш ли малку страхопочит спрема Бога? И ти си осуден со истата казна! Јас и ти сме праведно осудени и го добивме она што го заслуживме, а Тој ништо лошо не сторил!“ Потоа Му се обрати на Исуса: “Исусе, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство!“ Исус му одговори: „Ти ветувам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот!“ Беше околу дванаесет часот, кога наеднаш настапи мрак по целата земја, сe до петнаесет часот. Сонцето потемне, а завесата во храмот се расцепи по средината. Тогаш Исус гласно извика: „Небесен Татко, во Твоите раце Го доверувам Мојот дух!“ Изговарајќи го ова, Тој умре. Кога римскиот офицер виде што се случи, Му оддаде почит на Бог и рече: „Овој човек навистина беше праведник!“ Кога и народот што се беше собрал да гледа виде што се случи, секој си замина дома, удирајќи се в гради од жалост. Сите што Го познаваа Исуса, меѓу кои и жените кои Го следеа уште од Галилеја, стоеја подалеку и гледаа. Таму имаше и еден човек, по име Јосиф, кој беше од јудејскиот град Ариматеја и беше член на Врховниот совет. Тој беше добар и праведен човек, и не се сложуваше со овие одлуки и постапки, зашто и самиот го очекуваше Божјото царство. Тој отиде кај Пилат и го побара телото на Исус. Потоа го симна телото од крстот, го завитка во платно и го положи во дотогаш некористена гробница, што беше издлабена во карпите. Тој ден беше петок, а веќе настапуваше саботата. Заедно со Јосиф дојдоа и жените кои одеа со Исус уште од Галилеја и ја видоа гробницата во која беше положено Исусовото тело. Потоа си отидоа дома, да подготват мирисливи масла за премачкување на телото. Во саботата не работеа, согласно со верскиот Закон. Во неделата, уште во рани зори, жените дојдоа кај гробницата, носејќи ги мирисливите масла за премачкување на Исусовото тело, што самите ги беа приготвиле. Но ја најдоа гробницата отворена и гробната плоча иставена. Влегоа во гробницата, но таму го немаше телото на Господ Исус. Додека стоеја таму збунети, ненадејно пред нив се појавија двајца мажи во блескави облеки. Исплашени, жените се наведнаа кон земјата, кога тие им се обратија, велејќи им: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Тој не е овде! Воскресна! Сетете се што ви велеше уште додека беше во Галилеја: ,Синот Човечки ќе треба да биде предаден во рацете на грешници, кои ќе Го распнат, но на третиот ден Тој ќе воскресне.‘ Тогаш жените се сетија дека Исус навистина им го кажа тоа. Кога се вратија од гробот, жените им го кажаа сето ова на единаесеттемина Исусови ученици и на сите други. Меѓу жените беа и Марија од Магдала и Јоана, и Марија - мајката на Јаков, и други жени кои им го кажаа тоа на апостолите, но апостолите ги сметаа нивните зборови за измислени и не им поверуваа. Сепак, Петар стана и со трчање се упати кон гробницата. Тој ѕирна внатре и не виде ништо друго освен платното во кое беше замотано телото на Исус. Потоа се врати дома, во голема недоумица за она што се случило. Истиот ден двајца од Исусовите ученици одеа кон селото Емаус, кое се наоѓаше на околу единаесет километри од Ерусалим. Двајцата разговараа меѓу себе за сето ова што се случуваше. Додека разговараа за сe што се случи и размислуваа, до нив се приближи Исус и зачекори заедно со нив, но нивните очи не Го препознаа. Вклучувајќи се во разговорот, Исус ги праша: „За што разговарате по пат?“ Тие застанаа како скаменети, со тажни изрази на лицата. Едниот од нив, кој се викаше Клеопас, му рече: „Ти мора да си единствениот од сите дојдени во Ерусалим кој не знае што се случува деновиве!“ Тој ги запраша: „За што станува збор?“ Тие Му одговорија: „За она што Му се случи на Исус од Назарет! Тој беше пророк и се докажа како силен на зборови и на дела, како пред Бога така и пред луѓето. Но нашите свештенички поглавари и управниците Го уапсија и Го предадоа за да биде осуден на смрт и потоа Го распнаа. А ние се надевавме дека Тој е Месијата што ќе го ослободи Израел! Еве, веќе е трет ден откако тоа се случи. Некои жени од нашата група нe збунија; тие биле на гробот, но таму Го немало Неговото тело! Кога се вратија, тие ни кажаа дека им се појавиле ангели кои им рекле дека Исус е жив. Некои од нашите другари исто така отидоа кај гробницата и го виделе истото што го кажаа и жените, но Него не Го виделе.“ Тогаш Исус им рече: „Ах, колку тешко сфаќате и колку ви е тешко да верувате во сето она што го говореа пророците! Зар не беше јасно претскажано дека Месијата ќе настрада, пред да влезе во Својата слава?“ Потоа Исус почна да им објаснува сe што е претскажано за Него, со цитати од Светото Писмо, почнувајќи од Мојсеевите книги, па сe до книгите на пророците. Кога се приближија до селото Емаус, кон кое беа тргнале, Исус се направи како да сака да си продолжи по патот, но тие Го задржуваа, велејќи: „Остани со нас, зашто денот е веќе при крај и почнува да се стемнува.“ Така Тој влезе и остана со нив. Седејќи со нив на трпезата, Тој зеде леб, Му се заблагодари на Бог, па го раскрши и им го раздели. Тогаш очите им се отворија и тие Го познаа! Но во истиот миг Тој исчезна - стана невидлив за нивните очи! Тие си проговорија еден на друг: „Зар не ни се разгореа срцата уште по патот, кога Тој ни говореше и ни го објаснуваше Светото Писмо!?“ Тогаш тие веднаш станаа и се вратија во Ерусалим, каде што ги најдоа единаесеттемина ученици, собрани со своите пријатели, па им рекоа: „Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симон Петар!“ Потоа почнаа да им раскажуваат за сето она што им се случи ним, на двајцата, на патот кон Емаус, и како Го препознаа кога Тој го раскрши лебот. Додека овие двајца им го раскажуваа тоа, меѓу нив се појави Исус, застана и ги поздрави, посакувајќи им мир. Присутните беа збунети и исплашени, па мислеа дека гледаат дух. Но Исус им рече: „Што сте се стаписале? Зошто ви се јавуваат сомнежи во мислите? Видете Ми ги рацете и нозете, па уверете се дека тоа Сум Јас. Допрете Ме и ќе се уверите, зашто духот нема ни месо ни коски, а гледате дека Јас имам!“ Кога го рече ова, Тој им ги покажа рацете и нозете. Од радост и од возбуда, тие не можеа да им веруваат на сопствените очи! Затоа, Исус им рече: „Имате ли овде нешто за јадење?“ Тие Му подадоа парче печена риба, и Тој ја изеде пред нивните очи. Потоа Исус им рече: „За ова ви зборував уште додека бев со вас, имено, сe што е претскажано за Мене во книгите на Мојсеевиот Закон, на пророците и во Псалмите, требаше да се исполни.“ Тогаш им ги просветли умовите за да им стане јасно Светото Писмо, и им рече: „Запишано е дека Месијата треба да настрада и да воскресне на третиот ден, дека во Неговото име ќе се проповеда пораката за покајание и простување на гревовите меѓу сите народи, почнувајќи од Ерусалим. Вие сте сведоци за тоа. Јас ќе ви го испратам Светиот Дух, Кој ви го вети Мојот небесен Татко, а вие останете во градот, сe додека Светиот Дух не слезе врз вас со сила од небото.“ Потоа Исус ги поведе надвор од градот, во близина на Бетанија, каде што ги подигна Своите раце и почна да ги благословува. Додека ги благословуваше, се подигаше над нив и се вознесе на небото. Тие Му се поклонија и многу радосни се вратија во Ерусалим, каде што целото време го минуваа во храмот, славејќи Го Бога. Уште на почетокот постоеше Зборот. Зборот беше со Бог и Зборот беше Бог. Од самиот почеток, Зборот беше со Бог. Се што постои беше создадено преку Зборот. Не постои ништо создадено, кое не беше создадено преку Зборот! И самиот живот беше во Зборот, и Тој живот им дава светлина на луѓето. Оваа Светлина свети во темнината, и темнината никогаш не може да ја изгаси. Се појави еден човек, по име Јован Крстител, кој беше испратен од Бог. Тој дојде како сведок, за да им каже на сите за Светлината и да ги упати луѓето во верата. Јован не беше Светлината; тој беше само сведок за Светлината. Вистинската Светлина, која го осветлува секој човек, стапуваше на светската сцена. Иако Зборот беше во светот и светот беше преку Него создаден, светот не Го позна. Кај Своите дојде, но тие не Го прифатија. А на сите што Го прифатија - на оние што поверуваа во Него - им даде право да станат Божји чеда. Тие се нановородени, но овојпат не физички, не од телесна похота, или пак од волјата на маж, туку се родени од Бог. Зборот стана човек и живееше меѓу нас. Ние ја видовме Неговата слава - славата што Тој ја прими како Единороден Син од небесниот Татко. Тој беше полн со љубов и искреност. Јован посведочуваше за Него и викаше, велејќи: „Ова е Оној за Кого реков: ,По мене доаѓа еден Човек, Кој е поголем од мене, зашто Тој постоеше уште пред да се родам јас!‘“ Од Неговата полнота сите ние примивме благослов врз благослов, зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а Исус Христос ни ги донесе љубовта и вистината. Никој, никогаш не Го видел Бога; но имаме објава за Него, преку Единородниот Син - Кој е Бог, и Кој произлегува од Таткото. Кога еврејските верски водачи од Ерусалим испратија кај Јован Крстител свештеници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“ - Јован им кажа отворено, тој призна и не порекна, туку им рече: „Јас не сум Месијата!“ „Тогаш, кој си?“ - го запрашаа тие пак - „Илија ли си?“ „Не сум!“ - им одговори Јован. „Пророкот ли си?“ „Не сум!“ - одговори тој. „Кажи ни кој си, зашто мораме да им однесеме одговор на оние што не пратија!“ - му рекоа тогаш тие. „Кажи, како се претставуваш себеси?“ Јован им одговори цитирајќи го пророкот Исаија: “Јас сум глас што вика во пустината: подгответе го патот за Господ!“ Некои од испратените беа припадници на фарисеите. Тие го запрашаа: „Зошто тогаш крштаваш, ако не си ни Месијата, ни Илија, ниту Пророкот?“ Јован им одговори: „Јас крштавам во вода, а меѓу вас има Еден, Кого вие не Го познавате. Иако јас дојдов пред Него, сепак не сум достоен ни сандалите да Му ги одврзам!“ Ова се случи во селото Бетанија, од источната страна на реката Јордан, каде што Јован крштаваше. Утредента, Јован Го виде Исуса како доаѓа кај него, па рече: „Еве го Божјото Јагне Кое го отстранува гревот на светот! Овој е Тој за Кого реков, ,По мене доаѓа еден Човек Кој е поголем од мене, зашто Тој постоеше уште пред да се родам јас!‘ Јас не знаев Кој ќе биде Тој, туку дојдов да крштавам во вода, за Тој да му биде откриен на Израел.“ Тогаш Јован го даде следното сведоштво: „Јас бев таму и Го видов Светиот Дух Кој слезе како гулаб од небото и остана над Него. Јас не ќе Го познаев, но кога Бог ме испрати да крштавам во вода ми рече: ,Врз Кого ќе Го видиш Светиот Дух да се спушта и да остане над Него, Тој е Оној што ќе крштава во Светиот Дух‘. Јас видов дека тоа се исполни над Исус и сведочам дека Тој е Божјиот Син.“ Следниот ден, Јован повторно стоеше со двајца Свои ученици. Тој Го здогледа Исуса како поминува и рече: „Еве Го Божјото Јагне!“ Кога го слушнаа тоа, двајцата Јованови ученици тргнаа по Исус. Исус се сврте и ги виде како одат по Него, па им рече: „Што барате?“ Тие му рекоа: „Раби“, (што во превод значи: „Учителе“), „каде живееш?“ „Дојдете и видете!“ - им рече Тој. Така, тие отидоа и видоа каде живее и тој ден останаа кај Него; а беше околу четири часот попладне. Едниот од двајцата што тргнаа по Исус, откако ги слушнаа зборовите на Јован Крстител, беше Андреј, братот на Симон, подоцна наречен Петар. Андреј најнапред го најде својот брат Симон и му рече: „Го најдовме Месијата!“, а тоа преведено на грчки значи Христос. Потоа Андреј го одведе својот брат кај Исус. Исус го впери Својот поглед во него и му рече: „Симоне, сине Јованов, ти ќе се викаш Кефа“ (Тој арамејски збор на грчки може да се преведе како: Петар). Следниот ден Исус реши да замине во Галилеја. Таму го најде Филипа и му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Филип беше од Бетцаида, од каде што беа Андреј и Петар. Филип го побара Натанаел и му рече: “Го најдовме Оној Кого Мојсеј Го навести во Божјиот Закон и Кого пророците Го претскажаа. Тоа е Исус, синот на Јосиф од Назарет.“ Натанаел му рече: „Може ли нешто добро да произлезе од Назарет!?“ „Дојди, па види!“ - му одговори Филип. Исус забележа дека Натанаел доаѓа кај Него, па рече: “Еве чесен човек - вистински Израелец!“ „Од каде ме знаеш?“ - го праша Натанаел. “Пред да те повика Филип, Јас те видов кога беше под смоквата“ - му одговори Исус. На ова, Натанаел Му рече: „Раби, Ти си Божјиот Син! Ти си Царот на Израел!“ Исус, пак, му рече: „Дали го веруваш тоа само затоа што ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш и поголеми нешта!“ Потоа додаде: „Ве уверувам дека ќе го видите небото отворено и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат над Мене, Синот Човечки!“ По три дена мајка Му на Исус беше на една свадба во градот Кана, во покраината Галилеја. На свадбата беа поканети и Исус со Неговите ученици. Кога виното се потроши, мајка Му на Исус Му рече: „Им снема вино!“ „Зошто ме вовлекуваш во ова, жено?“ - и одговори Исус. „Моето време се уште не е дојдено!“ Тогаш мајка Му им рече на слугите: „Направете се што ќе ви каже!“ Таму имаше шест камени садови за вода, кои беа наменети за обредно миење, според еврејскиот обичај. Секој од нив собираше од 80 до 120 литри. „Наполнете ги садовите со вода!“ - им рече Исус. Тие ги наполнија до врвот. Потоа им рече: „Нацрпете сега и однесете му на шефот на послугата!“ Тие му однесоа. Кога тој ја проба водата, што сега се беше претворила во вино, не знаејќи од каде е (само слугите кои нацрпија од водата знаеја), го повика младоженецот, па му рече: „Секој човек го служи прво најдоброто вино, а кога ќе се заситат гостите, го служи полошото. Ти, пак, си го чувал најдоброто вино се до сега!“ Исус го направи ова во галилејското место Кана и тоа беше Неговото прво чудо, со кое Исус ја покажа Својата слава и Неговите ученици поверуваа во Него. По ова, Исус, мајка Mу, Неговите браќа и Неговите ученици заминаа за Кафарнаум, каде што останаа неколку дни. Наближуваше еврејскиот празник Пасха па Исус се искачи во Ерусалим. Таму, пред храмот, Тој затекна продавачи на говеда, овци и гулаби, и менувачи на пари. Откако си направи камшик од јаже, ги избрка сите надвор, заедно со овците и говедата, а на менувачите им ги истури парите и им ги испреврте масите. На продавачите на гулаби им рече: „Изнесете ги одовде! Престанете да го претворате Домот на Мојот Татко во пазариште!“ Неговите ученици се сетија дека во Светото Писмо пишува: „Ревноста кон Божјиот Дом Ме изеде!“ По тој повод, еврејските верски водачи Му се обратија со прашањето: „Со каков чудотворен знак ќе ни докажеш дека имаш овластување да го правиш ова?“ Исус им одговори: „Разурнете го овој храм и Јас за три дена ќе го подигнам!“ Тогаш еврејските водачи Му рекоа: „Овој храм бил граден четириесет и шест години, а Ти би го подигнал за три дена!?“ Но, Тој им зборуваше за Своето тело како храм. Затоа, кога воскресна од мртвите, Неговите ученици си спомнаа на тоа што го рече, па поверуваа во Светото Писмо и во зборовите на Исус. Додека Исус беше во Ерусалим, за време на празникот Пасха, многумина поверуваа дека Тој е Месијата, гледајќи ги чудата што ги правеше. Самиот Исус, пак, не им се доверуваше, затоа што Тој ги познаваше сите. Немаше потреба некој да му кажува за луѓето, зашто Тој знаеше што се крие во нивните срца. Меѓу фарисеите имаше еден човек по име Никодим, кој беше еврејски верски старешина. Тој дојде кај Исус ноќе и му рече: „Раби, знаеме дека Ти си учител дојден од Бог, зашто овие чуда што Ти ги правиш никој не може да ги прави, ако Бог не е со него!“ Исус му одговори: „Најсериозно ти велам: ако човек наново не се роди, не може да го види Божјото царство!“ „Како може стар човек наново да се роди!?“ - праша Никодим. „Може ли да се врати во утробата на својата мајка и повторно да се роди!?“ Исус му одговори: „Ти велам и ти нагласувам: ако човек не се роди од вода и Дух, не може да влезе во Божјото царство! Телото може да роди само тело, додека Светиот Дух раѓа нов, духовен живот, од небото. Не чуди се што ти реков: ,Морате наново да се родите!‘ Ветрот дува каде што сака. Звукот му го слушаш, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој што е роден од Духот.“ „Како може тоа да биде!?“ - праша Никодим. Исус му рече: „Како можеш да му бидеш учител на израелскиот народ, а да не го знаеш тоа!? Најсериозно ти велам: ние знаеме што зборуваме и сведочиме за она што сме го виделе, а вие нашето сведоштво не го примате. Ако не Ми верувате кога ви зборувам за земни работи, како ќе Ми верувате ако ви зборувам за небесни работи!? Никој не бил горе на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото. Исто како што Мојсеј ја подигна бронзената змија во пустината, така ќе мора и Јас, Синот Човечки, да бидам подигнат. Тогаш секој што ќе поверува во Мене, ќе се здобие со вечен живот. Зашто Бог толку ги засака луѓето од овој свет, што Го даде Својот Единороден Син, за да не загине ниту еден што верува во Него, туку да има вечен живот. Бог не Го испрати Својот Син во светот за да го осуди светот, туку да го спаси преку Него. Ниту еден што верува во Него нема да биде суден. Оној, пак, што не верува, веќе е осуден, затоа што не поверувал во Единородниот Божји Син. Пресудата гласи: „Светлината дојде на светот, но луѓето ја засакаа темнината повеќе од Светлината, затоа што постапките им беа зли. Секој што врши зло ја мрази Светлината и не доаѓа кај неа, за да не се разоткријат неговите гревови. Оној, пак, кој живее според вистината, доаѓа кај Светлината за да се види дека неговите постапки се направени во послушност спрема Бог.“ По ова, Исус и Неговите ученици заминаа од Ерусалим, но останаа во покраината Јудеја, каде што Исус помина извесно време со нив и крштаваше. Јован исто така крштаваше во Енон, близу до Шалем, зашто таму имаше многу вода. Луѓето доаѓаа и беа крштавани. Тоа беше пред Јован да биде фрлен в затвор. Тогаш се разви една расправа меѓу Јовановите ученици и еден Евреин околу обредното миење. Тие дојдоа кај Јован и му рекоа: „Раби, Оној Човек што беше со тебе од другата страна на реката Јордан за Кого ти посведочи дека е Месијата - ете, Тој крштава и сите одат кај Него!“ Јован им одговори: „Човек не може да врши никаква мисија, ако не му е дадено од небото. Вие самите сте ми сведоци дека реков оти јас не сум Месијата, туку дека сум испратен како Негова претходница. Невестата ќе оди таму каде што е Mладоженецот, а пријателот на Mладоженецот, кој стои и слуша, од се срце се радува што го слуша гласот на Mладоженецот. Мојата радост на тој начин се исполни. Тој мора да напредува, а јас да се намалувам.“ Најголем од сите е Оној што доаѓа одозгора. Оној што е од Земјата, пак, и припаѓа на Земјата и зборува за земни работи. Најголем од сите е Оној што доаѓа од небото. Тој сведочи за она што го видел и слушнал, но малкумина го прифаќаат Неговото сведоштво. Оној што го прифаќа Неговото сведоштво потврдува дека Бог е вистинит. Зашто, Оној Кого Бог Го прати ги зборува Божјите зборови, затоа што Бог му дава Дух без мера. Таткото Го сака Својот Син и Му предал се во Неговите раце. Оној што верува во Синот има вечен живот; оној, пак, што му е непослушен на Синот, не ќе види живот, туку останува под Божјата казна! Штом Исус дозна дека фарисеите слушнале оти Тој придобива и крштава повеќе ученици од Јован Крстител, (иако самиот Исус не крштаваше, туку Неговите ученици), Тој ја напушти Јудеја и се врати во Галилеја. Мораше да помине низ Самарија. Така Тој дојде до самарискиот град Сихар, близу до местото кое Јаков му го беше дал на својот син Јосиф. Таму беше бунарот на Јаков. Исус седна крај бунарот, зашто беше уморен од патувањето. Беше околу пладне. Една жена од Самарјанците дојде, за да си нацрпи вода. „Дај ми малку вода да се напијам!“ - и рече Исус. (Неговите ученици беа отидени во градот за да купат храна.) Тогаш Самарјанката Му рече: „Ти си Евреин, а јас сум Самарјанка; како можеш да бараш вода од мене!?“ (Имено, Евреите не сакаа да општат со Самарјанците.) Исус и одговори: „Кога би знаела што дава Бог, и Кој е Овој што ти бара вода, ти би побарала од Него и Тој би ти дал животодавна вода!“ Жената му рече: „Господине, немаш кофа за црпење, а бунарот е длабок. Од каде ќе нацрпиш животодавна вода? Овој бунар ни е од нашиот прататко Јаков, кој од него пиеше, а исто така и неговите синови и нивниот добиток; зар си ти поголем од Јаков!?“ Исус и одговори: „Секој што пие од оваа вода одново ќе ожедни. А оној што пие од водата што Јас ќе му ја дадам никогаш нема да ожедни. Водата што Јас ќе му ја дадам ќе стане во него извор на животодавна вода и ќе му донесе вечен живот.“ „Господине“ - му рече жената - „дај ми ја таа вода за повеќе да не ожеднувам, ниту пак да доаѓам овде да црпам вода!“ „Оди, викни го мажот ти, па дојдете овде!“ - и рече Тој. „Немам маж“ - Му одговори таа. Исус и рече: „Во право си кога велиш ,Немам маж‘, зашто пет мажи си имала досега, а и овој што сега го имаш не ти е законски маж! Вистина е тоа што го рече.“ Жената Му рече: „Господине, гледам дека си пророк! Кажи ми, зошто вие Евреите велите дека Ерусалим е единственото место каде што треба да му се поклонуваме на Бог, додека ние Самарјанците сметаме дека тоа е гората Геризим, каде што се поклонуваа и нашите предци?“ Исус и рече: „Верувај ми, жено, дека доаѓа време кога нема да биде важно дали Му се поклонувате на небесниот Татко во Ерусалим или на оваа гора. Вие Самарјанците не Го познавате Оној на Кој Му се поклонувате. А ние Евреите знаеме на Кого Му се поклонуваме, бидејќи спасението доаѓа преку Евреите. Но доаѓа време, и веќе е дојдено, кога вистинските поклоници ќе бидат воведени во вистината од Божјиот Дух и ќе Му се поклонуваат на небесниот Татко онака како што тоа го сака небесниот Татко. Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат мораат да го прават тоа сходно со вистината која им ја открива Божјиот Дух.“ Жената му рече: „Знам дека треба да дојде Месијата, Помазаникот. Кога ќе дојде, Тој ќе ни објасни се.“ „Тоа Сум Јас - Овој што сега разговара со тебе!“ - и рече Исус. Во тој момент пристигнаа Неговите ученици и се зачудија што Исус разговара со жена, но никој не и рече: „Што сакаш?“, ниту пак некој Му рече на Исус: „Зошто зборуваш со неа?“ А жената ја остави својата стомна, отрча во градот и почна да му зборува на народот: „Дојдете да видите еден човек кој ми кажа се што сум направила! Да не е Тој Месијата?“ Луѓето излегоа од градот и тргнаа кон Исус. Во меѓувреме, Исусовите ученици Го нудеа: „Раби, земи јади нешто!“ Но Тој им рече: „Јас имам храна за која вие не знаете.“ Учениците почнаа да се прашуваат меѓу себе: „Зар некој Му донесол нешто за јадење?“ Тогаш Исус им објасни: „Храна за Мене е да ја вршам Божјата волја. Тој ме испрати за да го довршам делото што ми го довери. Зар вие не велите дека уште четири месеци, па ќе дојде времето за жетва!? А Јас ви велам: подигнете го погледот и видете ги полињата - тие се веќе втасани за жетва! Жетварите веќе добиваат плата за својот труд, а плодот што го собираат се луѓето кои преку нив дошле до вечен живот. Така и сејачите и жетварите заедно се радуваат. Зашто поговорката: ?Еден сее, а друг жнее‘ е вистинита. Јас ве испратив да жнеете таму каде што не сте вложиле труд да сеете. Други вложија голем труд, а вие ќе жнеете врз основа на нивната работа.“ Многу Самарјанци од тој град поверуваа во Исус врз основа на сведочењето на жената, која им говореше: „Ми кажа се што сум сторила!“ Затоа, Самарјанците дојдоа кај Исус и Го замолија да остане кај нив, и Тој остана таму два дена. И уште многумина поверуваа слушајќи ги Неговите проповеди, па и велеа на жената: „Сега не веруваме само поради твоите зборови, туку заради тоа што самите Го слушавме Исуса и се уверивме дека Тој навистина е Спасителот на светот!“ А по тие два дни Исус си замина оттаму за Галилеја. Претходно Исус беше изјавил дека пророците ги почитуваат насекаде, освен во нивниот роден крај. Кога дојде во Галилеја, Галилејците Го примија, бидејќи беа виделе се што Тој беше направил за време на празникот Пасха во Ерусалим, зашто и самите беа присутни таму. Тогаш Исус повторно отиде во Галилејска Кана, каде што ја беше претворил водата во вино. Таму имаше еден царски службеник, чиј син лежеше болен во градот Кафарнаум. Штом слушна дека Исус дошол од Јудеја во Галилеја, службеникот отиде кај Него и Го молеше да дојде и да го исцели неговиот син, кој беше на умирање. На тоа, Исус рече: „Никогаш не верувате, доколку не видите натприродни докази и чуда!“ „Господине!“ - Му рече царскиот службеник - „Дојди додека не ми умрело детето!“ „Оди си, твојот син ќе живее!“ - му рече Исус. Човекот им поверува на зборовите што му ги кажа Исус и си замина. Додека си одеше дома го пречекаа неговите слуги и му кажаа дека детето е живо и дека се чувствува подобро. Тогаш тој ги распраша, кога му станало подобро на детето. „Вчера, во еден часот попладне му помина треската“ - му одговорија тие. Тогаш таткото сфати дека токму во тоа време Исус му рече: „Твојот син ќе живее.“ Така тој и целото негово семејство поверуваа во Исус. Ова беше второто чудо што Исус го направи во Галилеја, по враќањето од Јудеја. По овие случки, по повод еден еврејски празник, Исус се врати во Ерусалим. А во Ерусалим, покрај Овчата порта, има една бања со пет тремови, која на хебрејски се вика Бетзата. Под тремовите лежеа многу болни: слепи, сакати и парализирани (кои очекуваа да се раздвижи водата, бидејќи одвреме, навреме ангел Господов слегуваше во бањата и ја раздвижуваше водата. Првиот што ќе влезеше по раздвижувањето на водата, оздравуваше од каква и да било болест да боледуваше.) Таму имаше еден човек, кој боледуваше веќе триесет и осум години. Исус го виде како лежи и знаејќи дека веќе долго време боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?“ „Господине“, - Му одговори болниот - „нема кој да ме спушти во бањата кога ќе се разбранува водата. Додека јас да втасам - друг слегува пред мене!“. „Стани, земи си ја постилката и оди си, зашто Јас те исцелив!“ - му рече Исус. Човекот веднаш оздраве, си ја зеде постилката и почна да оди. Но тој ден беше сабота, па затоа еврејските верски водачи му рекоа на исцелениот: „Сабота е! Забрането е да ја носиш постилката!“ Тој им одговори: „Човекот што ме исцели, ми рече: ,Земи си ја постилката и оди!‘“ „Кој е тој човек што ти го рекол тоа?“ - го прашаа тие. Излекуваниот, пак, не знаеше Кој е тој човек, затоа што Исус се беше повлекол од толпата народ што беше на тоа место. Подоцна, Исус го сретна во храмот и му рече: „Сега оздраве; не греши повеќе, за да не те снајде нешто уште полошо!“ Човекот си замина и им кажа на еврејските верски водачи дека Оној што го исцели е Исус. Поради ова, еврејските верски водачи почнаа да Го прогонуваат Исуса, зашто вакви работи правеше во саботите. Но Исус им одговори: „Мојот небесен Татко не престанува да работи, па и Јас работам.“ Заради ова, еврејските верски водачи уште поцврсто беа решени да Го убијат, зашто Тој не само што ја прекршуваше уредбата за саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Татко, изедначувајќи се така со Бог. Во одговор, Исус им рече: „Ве уверувам дека Синот не може да прави ништо сам од Себе; Тој го прави само она што го гледа кај Татка си. Тоа што го прави Таткото, го прави и Синот. Зашто, Таткото Го сака Синот и Му покажува се што прави. Тој преку Синот ќе покаже и поголеми дела од ова исцелување, за вие да се чудите. Зашто, како што Таткото ги подига мртвите и ги оживува, исто така и Синот оживува кого сака. Зашто Таткото не суди никого, туку сето право да суди Му Го предаде на Синот, за сите да Го почитуваат Синот, исто како што Го почитуваат Таткото. Оној што не Го почитува Синот, не Го почитува ни Таткото, Кој Го испрати. Ве уверувам дека секој што ја слуша Мојата порака и верува во Бога, Кој Ме испрати, има вечен живот и нема да биде осуден за своите гревови, зашто таквиот веќе преминал од смрт во живот. Ве уверувам дека доаѓа време, и веќе е дојдено, кога мртвите ќе го слушнат Мојот глас - гласот на Божјиот Син. Оние што Му биле послушни - ќе живеат! Зашто, како што Таткото е извор на живот, така Му даде и на Синот да биде извор на живот. Тој Му даде на Синот и право да суди, затоа што Тој е Синот Човечки. Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот кога сите покојници ќе го слушнат гласот на Божјиот Син и ќе излезат од гробовите: оние што правеле добро - ќе воскреснат за да живеат вечно, а оние што вршеле зло - ќе воскреснат за да бидат осудени на вечна казна! Јас не можам ништо да направам самоволно. Судам онака како што Ми кажува небесниот Татко, и Мојот суд е праведен, зашто не постапувам самоволно, туку според волјата на Бог, Кој Ме прати. Ако Јас сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво нема да вреди. Но постои Друг што сведочи за Мене и знам дека она што Тој го сведочи за Мене, вреди. Вие самите испративте пратеници кај Јован Крстител и тој ви ја кажа вистината. Јас немам потреба од човечко одобрување; а овие работи ви ги кажувам за вие да се спасите. Јован беше светилка која гореше и светеше. И за тоа кратко време вие со задоволство и се радувавте на неговата светлина. Јас, пак, имам сведоштво со поголема тежина од она на Јован. Делата што Мојот Татко Ми ги довери да ги извршам, и кои Јас ги извршувам, сведочат дека сум испратен од небесниот Татко. И Таткото, Кој Ме прати, исто така сведочи за Мене, но вие никогаш не сте го послушале Неговиот глас ниту пак сте го виделе Неговиот лик. А и Неговиот збор не се задржува во вас, затоа што не верувате во испратениот од Него. Вие го проучувате Светото Писмо, зашто верувате дека во него ќе најдете вечен живот за себе - а токму таму се говори за Мене! Па сепак, вие не сакате да дојдете кај Мене и да примите живот. Јас не сакам слава од луѓето; а вас ве познавам и знам дека во себе немате љубов спрема Бог. Јас дојдов во името на Мојот Татко, а вие не Ме примате. Ако некој друг дојде во свое име, него ќе го примите! Како можете да верувате, кога еден на друг си давате слава, а славата од Единствениот Бог не ја посакувате!? Немојте да мислите дека Јас ќе бидам Тој што ќе ве обвини пред небесниот Татко. Мојсеј - оној на кого се надевате - тој ќе ве обвини. Да му верувавте на Мојсеј, ќе ми верувавте и Мене, затоа што тој има пишувано за Мене. Но штом не верувате во она што тој го напиша, како ќе верувате во ова што Јас го зборувам!?“ По ова, Исус отиде од другата страна на Галилејското Езеро (или како што поинаку се нарекува - Тибериско Море). Многуброен народ постојано Го следеше, бидејќи ги гледаше чудата на исцелување што Тој ги правеше над болните. Исус се искачи на планината и таму седна со Своите ученици. Наскоро доаѓаше еврејскиот празник Пасха. Кога Исус го подигна својот поглед и забележа дека многуброен народ доаѓа кај Него, му се обрати на Филип: „Каде да купиме леб за да ги нахраниме луѓево?“ Исус го рече ова за да види што ќе му одговори Филип, бидејќи Исус знаеше што ќе прави. „За да добие секој од нив барем по едно залаче, ќе треба да купиме леб за повеќе од двесте денарии!“ - одговори Филип. Тогаш Андреј, еден од Исусовите ученици и брат на Симон Петар, Му рече: „Овде се наоѓа едно момче кое има пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толку многу народ!?“ „Кажете им на луѓето да седнат“ - рече Исус. На тоа место имаше многу трева, па луѓето испоседнаа, а на број беа околу пет илјади, сметајќи ги само мажите. Тогаш Исус ги зеде лебовите, и откако Му заблагодари на Бог, им ги раздели на поседнатите луѓе, а им раздели и од рибите, на секој колку што сакаше. Кога народот се најаде, Исус им рече на Своите ученици: „Соберете ги парчињата што останаа, ништо да не пропадне.“ Од петте јачменови лебови, тие собраа и наполнија дванаесет кошници со парчиња што им останаа на луѓето кои јадеа. Кога го видоа чудото што Исус го направи, луѓето говореа: „Овој навистина е Пророкот чие доаѓање на светот ни беше предвестено!“ Но, Исус, кога дозна дека наумиле сосила да Го зграпчат и да Го прогласат за цар, повторно се повлече сам во гората. На квечерина, учениците на Исус слегоа до езерото. Се качија во едно бротче и се упатија кон Кафарнаум, од другата страна на езерото. Веќе се беше стемнило, а Исус се уште не беше дошол кај нив. Почна да дува силен ветер од кој езерото се разбранува. Кога извеслаа околу четири до пет километри, тие Го видоа Исуса како се доближува до бротчето, одејќи по езерото, и се исплашија. А Тој им рече: „Јас сум! Не плашете се!“ Тогаш тие се осмелија да Го примат во бротчето и бротчето веднаш се најде на оној дел од брегот каде што се беа упатиле! Следниот ден, многубројниот народ што остана од другата страна на езерото, забележа дека таму имаше само едно бротче, а знаеја дека Исус не влезе во него со учениците, туку тие заминаа без Него. Потоа пристигнаа од Тиберија и други бротчиња и пристанаа близу до местото каде што беа јале од лебот, што Господ го благослови. Кога луѓето видоа дека ги нема ни Исуса, ни Неговите ученици, влегоа во бротчињата и отидоа во Кафарнаум, за да Го бараат. Кога луѓето Го најдоа Исуса, од другата страна на езерото, Го прашаа: „Раби, кога пристигна овде?“ Исус им одговори: „Вистина е дека вие не Ме барате затоа што ги разбравте Моите чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте! Престанете да се грижите само за храната што се расипува! Погрижете се за храната што дава вечен живот, која ќе ви ја дадам Јас, Синот Човечки, затоа што, Бог, небесниот Татко, Ми го даде тоа право!“ „Што треба да правиме, за да го исполниме она што Бог го бара од нас?“ - го прашаа тие. Исус им одговори: „Бог бара од вас да верувате во Оној што Тој Го прати.“ Тогаш тие Му рекоа: „Какво чудо ќе направиш, за да видиме, па да Ти поверуваме? Што ќе направиш? Нашите предци јадеа мана во пустината, како што стои запишано: ,Бог им даде да јадат леб од небото‘.“ Исус, пак, им одговори: „Ве уверувам дека не беше Мојсеј тој што ви даде леб од небото, туку Мојот Татко. И сега Мојот Татко ви го нуди вистинскиот Леб од небото. Зашто, Лебот што ви го дава Бог е Оној што слезе од небото, за да му даде живот на светот.“ „Господине“, - му рече народот - „давај ни го тој леб секогаш!“ Исус им рече: „Јас сум животодавниот Леб! Оној што доаѓа кај Мене никогаш нема да огладни и оној што верува во Мене никогаш нема да ожедни. Но ви реков дека, иако Ме видовте, сепак не верувате во Мене. Секој што Ми е даден од Татко Ми, ќе дојде кај Мене, а Јас нема да одбијам ниту еден од оние што доаѓаат кај Мене. Јас не слегов од небото за да ја вршам Својата волја, туку да ја вршам волјата на Бог, Кој Ме прати. А волјата на Бог, Кој Ме прати е да не изгубам ниту еден од оние што Тој ми ги даде, туку на крајот сите да ги воскреснам за вечен живот. Волјата на Мојот небесен Татко е: секој што го гледа Синот и верува во Него, да има вечен живот и на крајот Јас да го воскреснам.“ Тогаш Евреите почнаа незадоволно да мрморат против Исус, затоа што рече: „Јас сум Лебот што слезе од небото!“ Говореа: „Зар Овој не е Исус, синот на Јосиф, и зар не ги познаваме татко Му и мајка Му!? Како може да вели дека Тој слегол од небото!?“ Исус им одговори: „Не мрморете помеѓу себе! Никој не може да дојде кај Мене, ако небесниот Татко, Кој Ме прати, не го привлече; а на крајот, Јас ќе го воскреснам за вечен живот! Во пророчките книги на Светото Писмо стои запишано: ,Бог ќе ги научи сите‘. Секој што Го слуша небесниот Татко и учи од Него, доаѓа кај Мене. Тоа не значи дека некој Го видел Бог, освен Оној Кој потекнува од Бога. Само Тој го видел Таткото. Ве уверувам дека оној што верува во Мене, веќе има вечен живот. Јас сум животодавниот Леб. Вашите предци јадеа мана во пустината, но потоа умреа. Еве Го Лебот што слегува од небото, за секој да може да јаде од Него и да не умре. Јас сум животодавниот Леб Кој слезе од небото! Кој се храни од овој Леб - ќе живее вечно! А Лебот што Јас ќе го дадам за животот на светот е Моето тело.“ Тогаш Евреите почнаа одново да се препираат помеѓу себе, велејќи: „Како може Овој да ни го даде Своето тело да се храниме со Него!?“ Исус, пак, им рече: „Ве уверувам дека, доколку не се храните од телото на Синот Човечки и не се напојувате од Неговата крв - ќе немате живот во себе! Оној што се храни од Моето тело и се напојува од Мојата крв, има вечен живот и на крајот, Јас ќе го воскреснам. Моето тело е вистинска храна и Мојата крв е вистинска напивка. Кој се храни од Моето тело и се напојува од Мојата крв, живее во Мене и Јас во него. Мене Ме испрати живиот Татко, и како што причина за Моето живеење е Таткото, така и оној што се храни од Мене ќе живее заради Мене. Лебот што слезе од небото не е како лебот што вашите предци го јадеа, а потоа умреа; тој што го јаде овој Леб - ќе живее вечно!“ Исус ги изрече овие зборови додека поучуваше во синагогата, во градот Кафарнаум. Кога го слушнаа тоа, голем број од следбениците на Исус рекоа: „Тешко е ова учење; кој може да го слуша!?“ Свесен дека Неговите ученици мрморат за тоа, Исус им рече: „Зар ова ве натера да потклекнете!? А што, ако Ме видите Мене, Синот Човечки, како се искачувам на небото, каде што бев порано!? Духот е Тој што дава живот, а не човечкото тело. Зборовите што ви ги кажав се од тој животодавен Дух. Но меѓу вас има некои што не веруваат.“ Исус го рече ова, зашто од почетокот знаеше кои се тие што не веруваат и кој ќе Го предаде. Потоа им рече: „Затоа ви реков дека никој не може да дојде кај Мене, ако тоа не му е овозможено од небесниот Татко.“ Од тој момент многумина од Неговите ученици Го напуштија и престанаа да одат со Него. Тогаш Исус им рече на Дванаесеттемина: „Ако сакате, можете и вие да си заминете“. Симон Петар Му одговори: „Господе, кај кого да одиме? Твоите зборови носат вечен живот! Ние веруваме во Твоите зборови и знаеме дека Ти си Светецот, Кој ни дојде од Бога.“ Исус, пак, им одговори: Нели Јас ве избрав вас дванаесеттемина? Па сепак, еден од вас е ѓавол.“ Тоа го рече за Јуда, синот на Симон Искариот, еден од дванаесеттемина, кој имаше намера да Го предаде. По ова, Исус се движеше во границите на Галилеја. Тој повеќе не сакаше да се задржува во Јудеја, затоа што еврејските верски водачи сакаа да Го убијат. Наближуваше еврејскиот празник Сеници. Неговите браќа Му рекоа: „Оди во Јудеја, за да можат Твоите следбеници да ги видат делата што ги вршиш! Никој не дејствува во тајност, ако сака да стане познат. Штом ги правиш овие чуда, тогаш објави му се на светот!“ (Зашто, ни Неговите браќа не веруваа во Него.) Исус им одговори: „Се уште не е дојден вистинскиот момент за Мене, а за вас секое време е погодно. Вас светот не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, затоа што постојано му зборувам за неговите зли дела и гревови. Одете вие на празникот. За Мене се уште не е погоден моментот да тргнам на овој празник во Ерусалим.“ Тој го рече тоа, и остана во Галилеја. А кога Неговите браќа заминаа на празникот, тогаш и Исус се искачи во Ерусалим, но не јавно, туку скришно. Еврејските верски водачи, пак, Го бараа за време на празникот и прашуваа: „Каде е Тој?“ Во толпата народ многу се шепотеше за Исус. Едни велеа дека е добар, а други велеа: „Тој го мами народот!“ Но, никој не зборуваше јавно за Него, поради страв од еврејските верски водачи. Кон средината на празникот, Исус се искачи во храмот и почна да поучува. Тогаш еврејските верски водачи се зачудија и рекоа: „Од каде Му на Овој Човек такво знаење, кога никогаш не се школувал!?“ Исус, пак, им одговори: „Тоа што го проповедам не сум го измислил Јас, туку произлегува од Бога, Кој Ме испрати. Тој што сака да ја извршува Божјата волја, ќе знае дали ова учење е од Бога, или Јас во Свое име зборувам. Тој што зборува во свое име се обидува себеси да се прослави. Човекот, пак, што настојува да го прослави Оној што Го испратил, е чесен и во Него нема неправда. Зар Мојсеј не ви го даде Божјиот закон? Па сепак, никој од вас не постапува според тој Закон, туку сакате да Ме убиете!“ „Ти си полудел!“ - му одговорија од толпата - „Кој сака да те убие!?“ Исус им одговори: „Исцелив еден човек во сабота и сите се стаписавте! Мојсеј ви го воспостави обрежувањето (не дека е од Мојсеј, туку од патријарсите е), и вие и во саботен ден ги обрежувате вашите синови. Штом вршите обрежување во саботен ден и сметате дека со тоа не се прекршува Законот на Мојсеј, тогаш зошто сте бесни на Мене поради тоа што исцелив човек во сабота!? Не судете површно, туку судете справедливо!“ Тогаш некои од жителите на Ерусалим рекоа: „Зар не е овој човекот што Го бараат за да Го убијат? А ете, Тој јавно зборува и никој ништо не Му вели! Можеби старешините сфатиле дека Тој е Месијата!? Но сите ние знаеме од каде е овој човек, а кога ќе дојде Месијата - никој нема да знае од каде е!“ Додека поучуваше во храмот, Исус извика: “Дали навистина Ме знаете и дали знаете од каде Сум? Јас не дојдов Сам од Себе! Тој што Ме испрати е вистинит, но вие не Го познавате. А Јас Го знам Тој што Ме прати, зашто од Него дојдов.“ Тогаш сакаа да Го уапсат, но никој не крена рака на Него, зашто се уште не беше дошол часот што Тој го определи за тоа. Од толпата народ собрана во храмот, многумина поверуваа во Него и говореа: „Кога ќе дојде Месијата зарем ќе направи повеќе чуда од Овој Човек!?“ Кога фарисеите слушнаа дека толпата народ така шепоти за Исус, во договор со свештеничките поглавари испратија стражари за да Го уапсат Исуса. Но Исус им рече: “Кај вас ќе бидам уште малку време, а потоа ќе се вратам кај Оној што Ме испрати. Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете, зашто вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас.“ Еврејските верски водачи почнаа да се прашуваат еден со друг: “Каде наумил да оди, кога вели дека нема да можеме да Го најдеме!? Да нема намера да оди кај грчката дијаспора, за да ги поучува Грците? Што значат овие Негови изјави: ,Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете‘ и ,вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас‘?“ А во последниот и најважен ден од празникот, Исус застана и извика: „Кој е жеден, нека дојде кај Мене да пие! Како што вели Светото Писмо: „Реки животодавна вода ќе потечат од срцето на оној што верува во Мене!“ (Исус ова го рече за Светиот Дух, Кого имаше намера да им Го даде на оние кои поверуваа во Него. Светиот Дух се уште не му беше даден никому, бидејќи Исус се уште не беше целосно прославен.) Кога народот го слушнаа ова, некои од нив рекоа: „Овој мора да е претскажаниот Пророк!“ Други велеа: „Овој е Месијата!“ Но останатите говореа: „Зар од Галилеја ќе дојде Месијата!? Зарем Светото Писмо не вели дека Месијата ќе дојде од поколението на Давид и од родниот град на Давид?“ Така настана поделба меѓу луѓето во однос на Исус. Некои од нив сакаа да Го уапсат, но никој не посегна по Него. Стражарите, пак, се вратија кај свештеничките поглавари и кај фарисеите, а тие ги запрашаа: „Зошто не Го уапсивте?“ „Никој никогаш не зборувал така како што зборува Овој Човек!“ - одговорија стражарите. Фарисеите, пак, им рекоа: „Да не се прелажавте и вие? Не гледате ли дека никој од старешините и од фарисеите не верува во Него!? Но овој проклет народ, кој не го знае Мојсеевиот Закон, се заведува по Него!“ Меѓу фарисеите беше и Никодим, кој порано беше Го посетил Исуса; тој им рече: „Нашиот закон не дозволува некој да биде осуден, без претходно да биде сослушан и да се дознае што направил!“ Тие, пак, му одговорија: „И ти ли си од Галилеја!? Проучи ги светите писма и увери се дека никаков пророк нема да дојде од Галилеја!“ Потоа тие се разотидоа, секој во својот дом. Потоа Исус отиде на Маслиновата Гора. Следното утро, Тој повторно дојде во храмот. Сиот народ доаѓаше кај Него, а Тој, седејќи, ги поучуваше. Вероучителите и фарисеите доведоа една жена што беше фатена во прељуба, па откако ја поставија насреде, Му рекоа: „Учителе, оваа жена е фатена на дело како врши прељуба. Во нашиот Закон Мојсеј заповедал таквите жени да бидат каменувани. Што велиш Ти?“ Тие Му го рекоа ова на Исус за да видат што ќе стори, надевајќи се дека ќе има за што да Го обвинат. Исус се наведна и почна со прстот да пишува по земјата. Но бидејќи тие упорно Го прашуваа, Тој се исправи и им рече: „Тој што меѓу сите вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!“ Потоа повторно се наведна и продолжи да пишува по земјата. Кога обвинителите го слушнаа тоа, еден по еден почнаа да си заминуваат, на чело со старешините, се додека не останаа само Исус и жената, која стоеше на средината. Исус се исправи и ја праша: „Жено, каде се луѓето што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“ „Никој, Господине!“ - Му одговори таа. „Тогаш ни Јас не те осудувам; оди си и отсега не греши“ - и рече Исус. Подоцна, Исус повторно им зборуваше на фарисеите: „Јас сум Светлината на светот! Секој што ќе биде Мој следбеник ќе ја има животодавната Светлина и никогаш нема да талка во темнина!“ Тогаш фарисеите Му рекоа: „Еве, сега Самиот сведочиш за Себе! Значи, Твоето сведоштво не е веродостојно!“ Исус им одговори: „И да сведочам Сам за Себе, тоа што го кажувам е веродостојно, затоа што Јас знам од каде дојдов и каде заминувам. А вие не знаете ниту од каде доаѓам, ниту каде заминувам. Вие судите според човечки мерила, а Јас никого не судам. А, и ако судам, Мојот суд е справедлив, бидејќи тоа не го правам Сам, туку заедно со Таткото што Ме испрати. Во вашиот Закон стои запишано дека сведоштвото од двајца се смета за веродостојно. Јас сведочам за Себе и Мојот Татко што Ме испрати сведочи за Мене.“ Тогаш тие Го прашаа: „Каде е Твојот Татко?“ Исус им одговори: „Ниту Мене Ме познавате, ниту Мојот Татко Го познавате! Кога би Ме знаеле Мене, би Го знаеле и Мојот Татко!“ Овие зборови Тој ги кажа кај ризницата, додека поучуваше во храмот и никој не Го уапси, зашто се уште не беше дошол Неговиот час. Потоа Исус повторно им се обрати и им рече: „Јас си заминувам, а вие ќе Ме барате, но ќе умрете со непростени гревови! Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!“ Еврејските верски водачи си велеа: „Да не изврши самоубиство, штом вели: ,Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!‘?“ Исус им рече: „Вие му припаѓате на овој свет долу, а Јас доаѓам од горе. Вие сте од овој свет, а Јас не сум од овој свет. Затоа ви реков дека ќе умрете со непростени гревови. Ако не поверувате дека Јас Сум Тој што Сум - ќе умрете со непростени гревови! „Кој си Ти?“ - Го прашаа тие. Исус им одговори: „Што ви кажував од почетокот? Имам многу работи за вас да зборувам и за многу нешта да ве судам, но нема да го сторам тоа. Оној што Ме испрати е вистинит и Јас го зборувам само она што сум го чул од Него.“ Тие не сфатија дека им зборува за небесниот Татко. Исус продолжи: „Кога ќе Го подигнете Синот Човечки, тогаш ќе дознаете дека Јас Сум Тој што Сум и дека Сам од Себе ништо не правам, туку ги зборувам овие работи онака како што Ме упати Таткото. Тој што Ме испрати е со Мене. Тој не Ме остава Сам, затоа што Јас секогаш постапувам онака како што Тој сака да постапувам.“ Додека го зборуваше ова, многумина поверуваа во Него. Тогаш Исус им се обрати на Евреите кои поверуваа во Него: „Вие ќе бидете Мои вистински ученици, ако се придржувате до Моето учење. Тогаш ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“ Тие Му одговорија: „Ние сме потомци на Авраам и никогаш никому не сме му робувале; што сакаш да кажеш кога велиш дека ќе бидеме слободни!?“ Исус им одговори: „Ве уверувам дека секој што греши му робува на гревот. А робот не останува трајно во семејството. Синот е трајно член на семејството. Ако Синот ве ослободи, ќе бидете навистина слободни! Знам дека сте потомци на Авраам, но сакате да Ме убиете, затоа што не сакате да го прифатите Моето учење. Јас го кажувам она што сум го видел кај Таткото. Вие постапувате онака како што ве научил вашиот татко!“ „Нашиот татко е Авраам!“ - Му одговорија тие. Исус им рече: „Да бевте Авраамови деца, ќе постапувавте онака како што постапуваше Авраам. Но вие сега сакате да Ме убиете, Мене, Човекот што ви ја зборува вистината што ја чул од Бога. Авраам не правеше така! Вие го правите она што го прави и вашиот татко!“ „Ние не сме вонбрачни деца!“ - Му одговорија тие - „Еден Татко имаме, а тоа е Бог!“ Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Татко, вие ќе Ме сакавте, зашто Јас дојдов од Бог и сега сум овде. Не дојдов само по Своја одлука, туку Тој Ме испрати. Зошто не разбирате што ви зборувам? - Затоа што не можете да ја поднесете Мојата порака! Вашиот татко е Ѓаволот, и вие со задоволство ги извршувате неговите желби. Тој беше човекоубиец од почетокот и никогаш не бил на страната на вистината, зашто во него нема вистина. Кога лаже, тоа произлегува од неговиот карактер, зашто тој е лажго и татко на лагата. А мене не Ми верувате, зашто Јас ја кажувам вистината. Кој од вас може да Ме обвини за грев? Ако, пак, ја зборувам вистината, тогаш зошто не Ми верувате? Оној што е од Бога, ги слуша Божјите зборови, а вие не сте од Бога и затоа не сакате да слушате.“ Еврејските верски водачи Му рекоа на Исуса: „Зар не сме во право кога велиме дека Ти си Самарјанец и дека си обземен од демон!?“ Исус им одговори: „Јас немам демон во Себе, зашто Го почитувам Мојот небесен Татко, а вие Ме срамотите. Иако, Јас не барам слава за Себе, Бог бара да Ме почитувате и Тој ќе суди за тоа. Ве уверувам дека тој што се држи до Моето учење, никогаш нема да умре!“ Еврејските верски водачи Му рекоа: „Сега сме уверени дека си обземен од демон! Авраам умре и пророците умреа, а Ти велиш: ,Тој што се држи до Моето учење, никогаш нема да умре!‘ Зар си Ти поголем од нашиот татко Авраам, кој сепак умре!? А и пророците умреа. Што се замислуваш Ти!?“ Исус им одговори: „Ако Јас самиот си придавам чест, Мојата слава е ништожна. Мојот Татко е Тој што Ме прославува - Оној, за Кого вие велите дека е ваш Бог, а никогаш не сте Го познавале. Јас, пак, Го знам. Кога би рекол дека не Го знам, би бил лажливец како вас. Но Јас Го знам и го извршувам тоа што Тој ќе го каже. Вашиот прататко Авраам се радуваше во очекувањето да го види денот на Моето доаѓање; тој го виде и беше пресреќен.“ „Како си можел да го видиш Авраам, кога немаш ни педесет години!?“ - Му рекоа еврејските верски водачи. Исус им одговори: „Ве уверувам дека уште пред да се роди Авраам, ЈАС СУМ!“ Тогаш тие зедоа камења за да фрлаат по Него, но Исус се скри и го напушти храмот. Одејќи така, Исус виде еден човек, кој беше слеп од раѓање. Неговите ученици Го запрашаа: „Учителе, зошто овој човек се родил слеп? Дали поради негов грев или поради грев на неговите родители?“ „Неговото слепило не е ни поради негов грев, ни поради грев на неговите родители“ - им одговори Исус. „Но поради неговото слепило, ќе се пројават Божјите дела над него. Додека е ден, ние треба да го извршуваме тоа што од Мене го сака Оној што Ме испрати. Доаѓа ноќ, кога никој не ќе може да работи. Додека сум во светот, Јас сум Светлина за светот.“ Штом го рече тоа, Исус плукна на земјата и со плунката направи кал. Со неа му ги намачка очите на слепиот и му рече: „Оди, измиј се во бањата Шилоах“ (во превод значи: ,Испратен‘). Тој отиде, и откако се изми, се врати гледајќи! Неговите соседи и оние што порано го гледаа како проси, велеа: „Зар овој не е човекот што седеше и просеше?“ Едни велеа: „Тој е!“ Други велеа: „Не е тој, туку само личи на него!“ А самиот тој велеше: „Јас сум тој човек!“ Тогаш тие го прашаа: „Па како ти се отворија очите?“ Тој им одговори: „Еден човек, по име Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: ,Оди во бањата Шилоах и измиј се!‘ Откако отидов и се измив - прогледав!“ Тие го прашаа: „Каде е Тој човек?“ “Не знам“ - одговори тој. Потоа го доведоа човекот што порано беше слеп кај фарисеите. А тој ден кога Исус направи кал и му ги отвори очите беше сабота. Фарисеите повторно почнаа да го распрашуваат, како прогледал. „Ми стави кал на очите“ - им одговори тој - „Потоа се измив, и еве - гледам!“ Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Овој човек не е од Бога, бидејќи не ја почитува саботата!“ Други, пак, велеа: „Како може грешен човек да прави вакви чуда!?“ Во врска со ова, се јави раздор меѓу нив. Затоа повторно му се обратија на слепиот: „Што мислиш ти за човекот што ти ги отворил очите?“ “Пророк е!“ - одговори тој. Но еврејските верски водачи не му поверуваа дека бил слеп и прогледал, па затоа ги повикаа неговите родители, и ги запрашаа: „Ова ли е вашиот син за кого тврдите дека се родил слеп? Како тоа сега гледа?“ Неговите родители им одговорија: „Знаеме дека ова е нашиот син, кој се роди слеп. Но, како тоа сега гледа - не знаеме. Ниту, пак, го знаеме Човекот што му ги отворил очите. Прашајте го него, тој е возрасен и самиот може да зборува за себе!“ (Неговите родители постапија вака, затоа што се плашеа од еврејските верски водачи. Причината за нивниот страв беше тоа што еврејските верски водачи се договорија да го исклучат од синагогата секој оној што ќе каже дека Исус е Месијата. Затоа неговите родители рекоа: „Тој е возрасен, него прашајте го!“) Така тие по вторпат го повикаа човекот што беше слеп и му рекоа: „Биди искрен пред Бог! Ние знаеме дека Тој човек е грешник!“ „Јас не знам дали е Тој грешник“, - им одговори тој - „но, една работа знам: слеп бев, а сега гледам!“ На тоа тие му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“ „Веќе ви кажав“, - им одговори тој - „но вие не слушате! Зошто повторно сакате да чуете? Да не сакате и вие да станете Негови ученици?“ Тие почнаа да го навредуваат, велејќи: „Ти си Негов ученик, а ние сме ученици на Мојсеј! Ние знаеме дека Бог му зборувал на Мојсеј, а не знаеме од каде е Овој Човек!“ „Чудно!“ - им одговори човекот - „Вие не знаете од каде е, но Тој ми ги отвори очите! Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку ги слуша оние што имаат страхопочит кон Него и ја вршат Неговата волја. Од почетокот на светот па до денес, не се чуло некој да му ги отвори очите на слепороден човек! Ако Тој Човек не беше од Бога, не ќе можеше ништо да стори.“ Тие му возвратија: „До гуша си во гревови! Ти ли нас ќе не учиш!?“ И го исфрлија надвор. Исус слушна дека го исфрлиле надвор, па штом го најде, му рече: „Веруваш ли ти во Синот Човечки?“ Човекот одговори: „А кој е Тој, Господине, за да верувам во Него?“ Исус му рече: „Оној во Кого гледаш, Човекот со Кого разговараш - тоа е Тој! „Верувам, Господе“ - одговори тој, па се спростре ничкум и Му се поклони. Исус рече: „Јас дојдов на овој свет за да го извршам судот: да прогледаат оние што не гледаат, а да станат слепи оние што самоуверено мислат дека гледаат.“ Некои од фарисеите што беа со Него Го слушнаа, па Му рекоа: „Зар и нас не сметаш за слепи!?“ Исус им рече: „Да бевте слепи, немаше да бидете виновни, но штом тврдите дека гледате - останувате виновни!“ Ве уверувам дека, штом некој не влегува низ вратата на трлото, туку се обидува да прескокне на друго место, тој е крадец и разбојник. Вистинскиот пастир на овците влегува низ вратата. Нему вратарот Му отвора. Овците го слушаат Неговиот глас, а Тој ги повикува Своите овци по име и ги изведува. Кога ќе ги изведе сите Свои овци, Тој оди пред нив, а Неговите овци Го следат, бидејќи Му го познаваат гласот. Тие никогаш нема да следат туѓинец, туку ќе бегаат од него, бидејќи не му го познаваат гласот.“ Исус им ја кажа оваа алегорична приказна, но тие не разбраа што сакаше да им каже. Тогаш Исус повторно им рече: „Ве уверувам дека Јас сум вратата за овците. Сите што дојдоа пред Мене беа крадци и разбојници, но Божјите овци не ги послушаа. Јас сум вратата. Секој што ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; ќе може да влегува, да излегува и да наоѓа пасиште. Крадецот доаѓа само за да украде, да убие и да уништи. Јас дојдов за да дадам живот - и тоа живот во сета негова полнота. Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир го дава Својот живот за овците. Наемникот не е вистински пастир; овците не се негови, и кога тој ќе забележи дека се приближува волк ги остава овците и бега. Тогаш волкот го напаѓа стадото и го распрснува. Наемникот бега, зашто е наемник и не му е грижа за овците. Јас сум добриот Пастир. Јас ги познавам Моите овци и тие Ме знаат Мене, како што Таткото Ме знае Мене, и како што Јас Го знам Таткото. И Својот живот го давам за овците. Имам и други овци, кои не се од ова стадо. И нив треба да ги приберам, кога ќе го слушнат Мојот глас. Тогаш ќе има едно стадо и еден Пастир. Таткото Ме сака, бидејќи Јас го давам Својот живот за повторно да си го земам. Никој не ми го одзема животот, туку Јас доброволно го давам. Имам моќ да го дадам Својот живот и имам моќ повторно да си го вратам. Ова овластување го примив од Мојот Татко.“ Заради овие зборови на Исус, повторно се појави раздор меѓу еврејските верски водачи. Многумина од нив велеа: „Обземен е од демон! Полудел! Зошто Го слушате!?“ Други, пак, велеа: „Овие зборови не се зборови на човек обземен од демон! Може ли човек што е обземен од демон да им ги отвора очите на слепи луѓе!?“ Беше зима и во Ерусалим се славеше празникот Ханука. Исус се шеташе во храмот, под Соломоновиот трем. Еврејските верски водачи се насобраа околу Него и Го прашаа: „До кога ќе не држиш во неизвесност? Ако си Ти Месијата, кажи ни отворено!“ Исус им одговори: „Јас ви кажав, но вие не верувате. Делата, што ги вршам во името на Мојот небесен Татко, покажуваат кој сум Јас. И покрај тоа, вие не верувате, зашто не сте од Моите овци. Моите овци го познаваат Мојот глас. Јас ги познавам, а тие Ме следат. Јас им давам вечен живот и тие никогаш нема да згинат. Никој не може да ги грабне од Мојата рака. Мојот Татко, Кој Ми ги даде, е посилен од сите. Никој не може да ги грабне од раката на Мојот Татко. Јас и небесниот Татко сме едно.“ Еврејските верски водачи повторно грабнаа камења, за да Го каменуваат. Исус им рече: „По упатство на Мојот небесен Татко направив многу добри дела со кои им помогнав на луѓето. Поради кое од тие добри дела Ме каменувате?“ Еврејските водачи Му одговорија: „Не Те каменуваме поради добрите дела, туку поради богохулство, зашто, иако си човек, се правиш Бог!“ Исус им одговори: „Зар не е запишано во вашиот Закон дека Бог вели за народните водачи: ,Јас реков, богови сте‘? Ако Бог ги нарече богови оние на кои им беше дадена Божјата порака (а знаеме дека тоа што го вели Светото Писмо е секогаш точно), како, тогаш, вие велите за Оној што Таткото Го освети и испрати во светот, дека хули на Бога, затоа што рекол ,Јас сум Божјиот Син‘? Ако Јас не го правам истото она што го прави и Мојот небесен Татко, тогаш немојте да Ми верувате. Но, ако го правам истото, тогаш, дури и да не Ми верувате Мене, верувајте им на делата, за да сфатите еднаш засекогаш дека Таткото е во Мене и Јас сум во Таткото!“ Тогаш тие уште еднаш се обидоа да Го уапсат, но Тој им се истргна од рацете и си замина. Потоа Исус повторно отиде од другата страна на реката Јордан, на местото каде што Јован Крстител во почетокот крштаваше, и таму остана. Многумина доаѓаа кај Него и велеа: „Јован не направи ниту едно чудо, но се што рече Јован за овој човек беше вистина.“ И голем број луѓе таму поверуваа во Исус. Еден пријател на Исус, по име Лазар, се разболе. Тој беше од селото Бетанија, и живееше со своите сестри Марија и Марта. (Тоа беше онаа Марија што подоцна Го помаза Господа со скапоцен парфем и Му ги избриша стапалата со својата коса; нејзиниот брат, Лазар, беше тој што се разболе.) Тогаш сестрите испратија ваква порака до Исус: “Господе, твојот драг пријател се разболе!“ Штом го слушна тоа, Исус рече: „Оваа болест на Лазар не е за тој да умре, туку за да Му донесе слава на Бог и за да се прослави Божјиот Син преку неа.“ (Исус многу ги сакаше Марта, нејзината сестра и нивниот брат Лазар.) Сепак, откако слушна дека Лазар е болен, Тој остана уште два дена таму каде што беше. Потоа им рече на Своите ученици: „Ајде сега да се вратиме во Јудеја!“ „Учителе!“ - Му рекоа учениците - „Еврејските верски водачи штотуку сакаа да Те каменуваат, а Ти повторно сакаш да одиш таму!?“ Исус им одговори: „Денот има дванаесет часа, нели? Тој што оди дење не се сопнува, бидејќи пред себе ја има дневната светлина. Ако човек оди ноќе тој се сопнува, бидејќи пред себе нема светлина.“ Откако го рече ова, Исус им најави: „Нашиот пријател Лазар заспал, и Јас одам таму за да го разбудам.“ „Господе“, - Му рекоа учениците - „Штом заспал, значи дека заздравува од болеста!“ (Исус сакаше да каже дека Лазар умрел, но тие претпоставија дека зборува за обично спиење.) Тогаш Исус отворено им рече: „Лазар умре. Мило ми е што Јас не бев таму, зашто сега ќе добиете уште една можност да поверувате. Но, ајде да одиме кај него.“ Во тој момент, Тома, кого го викаа Близнак, им рече на учениците: „Да одиме со Учителот и ние да умреме со Него!“ Кога Исус пристигна во Бетанија, Му кажаа дека Лазар е веќе четврт ден во гробот. Бетанија беше близу до Ерусалим, на оддалеченост од околу три километри. Многу сонародници на Марта и Марија беа кај нив, за да ги утешуваат по повод смртта на нивниот брат. Кога Марта дозна дека Исус доаѓа, таа Му појде во пресрет, а Марија остана дома. Марта Му рече на Исус: „Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре! Но, знам дека Бог ќе Ти даде и сега, се што ќе посакаш од Него!“ „Брат ти ќе воскресне!“ - и одговори Исус. Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне на крајот, кога ќе биде воскресението.“ Тогаш Исус и одговори: „Јас сум Тој што воскреснува и дава живот! Секој што верува во Мене, ќе живее, дури и ако умре! Секој што ќе поверува во Мене за време на својот живот, никогаш нема да вкуси вечна смрт! Веруваш ли во тоа?“ „Да, Господе“, - Му одговори Марта - „јас поверував дека Ти си Месијата, Божјиот Син, што Го очекувавме да дојде на светот!“ Откако го рече ова, Марта си замина и кришум ја повика својата сестра Марија, па и соопшти: „Учителот е овде и те вика!“ Штом го слушна тоа, Марија бргу стана и Му појде во пресрет. (Исус се уште не беше влегол во селото, туку беше на местото каде што Марта Го пресретна.) Кога Евреите што беа со неа во куќата за да ја утешуваат видоа како Марија бргу стана и замина, тргнаа по неа. Претпоставуваа дека таа оди на гробот на својот брат Лазар за да плаче. Кога Марија дојде до местото каде што беше Исус и кога Го виде, клекна пред Неговите нозе и Му рече: „Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре!“ Кога виде Исус како плачат Марија и Евреите што беа со неа длабоко се натажи и се потресе. „Каде го погребавте?“ - запраша Тој. „Господе“, - Му рекоа тие - „дојди да видиш.“ Исус заплака. Тогаш присутните Евреи говореа: „Види колку го сакал својот пријател Лазар!“ Некои, пак, од нив рекоа: „Зарем Овој Човек што му ги отвори очите на слепиот не можеше да ја спречи смртта на Лазар!?“ Пак длабоко трогнат, Исус дојде до гробот. Тоа беше една пештера чиј влез беше затворен со камен. „Тргнете го каменот!“ - рече Исус. „Господе“, - Му рече Марта, сестрата на умрениот - „четири дена поминаа откако брат ми умре и телото веќе смрди!“ Исус и одговори: „Нели ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава!?“ Тогаш луѓето го тргнаа каменот. Исус го подигна погледот кон небото и рече: „Татко, Ти благодарам што Ми ја услиши молитвата. Јас знам дека Ти секогаш Ми одговараш на молитвите, но ова го реков заради народот што стои наоколу, за да поверуваат дека Јас сум Твој пратеник.“ Кога Исус ја заврши молитвата, извика: „Лазаре, излези надвор!“ Умрениот излезе, завиткан со повои околу нозете и рацете, а околу лицето му беше замотана шамија. „Одврзете го и пуштете го да оди!“ - им рече Исус. Тогаш мнозина од Евреите, кои беа дојдени кај Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него. Но некои од нив отидоа кај фарисеите и им кажаа што направи Исус. Тогаш свештеничките поглавари и фарисеите го свикаа Синедрионот и почнаа да се советуваат: „Што да правиме? Овој човек прави многу чуда! Ако го оставиме да продолжи вака сите ќе поверуваат во Него, па ќе дојдат Римјаните и ќе ни ги уништат и храмот и нацијата!“ Тогаш еден од нив, по име Кајафа, кој таа година беше Првосвештеник, им рече: „Вие ништо не разбирате! Не сфаќате ли дека е подобро еден човек да умре за народот, отколку целата нација да ни биде уништена!?“ Ова тој не го кажа од себе, туку, бидејќи таа година беше Првосвештеник, тој прорече дека Исус мора да умре за еврејскиот народ. И не само за тој народ, туку и за да ги собере и обедини во едно сите распрснати Божји чеда. Од тој ден, еврејските верски водачи решија да Го убијат Исуса. Поради тоа, Исус повеќе не можеше слободно да патува по Јудеја. Тој оттаму замина кон пределот близу до пустината. Влезе во едно гратче по име Ефраим и таму остана со Своите ученици. Наближуваше еврејскиот празник Пасха. Голем број луѓе од внатрешноста се искачија во Ерусалим пред Пасха, за да го извршат церемонијалното исчистување. Тие го бараа Исуса и собрани во храмот си зборуваа меѓу себе: „Што мислите, дали Тој ќе се осмели да дојде на празникот?“ Свештеничките поглавари и фарисеите издадоа заповед, ако некој дознае каде е Исус - веднаш да им јави, за да Го уапсат. Шест дена пред празникот Пасха, Исус се врати во Бетанија. Тоа беше местото каде што живееше Лазар, кого Исус го оживе од мртвите. Таму Му беше приредена вечера на Исус. Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата заедно со Исус. Тогаш Марија зеде половина литар чист и скапоцен нардов парфем, Му ги полеа стапалата на Исус и Му ги избриша со својата коса. По куќата се рашири пријатниот мирис на парфемот. Еден од Исусовите ученици, Јуда Искариот, (кој подоцна Го предаде) рече: „Овој парфем можеше да се продаде за триста денарии, а парите да им се разделат на сиромасите!“ Ова не го рече од грижа за сиромасите, туку затоа што беше крадец. Имено, тој беше благајник и си земаше од парите што беа кај него. „Оставете ја!“ - одговори Исус на тоа. „Парфемот бил чуван за да послужи за Мојот погреб. Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, а Мене Ме немате секогаш.“ Во меѓувреме голем број Евреи дознаа дека Исус е таму, па дојдоа, не само заради Него, туку и да го видат Лазара, кого Тој го оживе од мртвите. Тогаш свештеничките поглавари решија да го убијат и Лазара, бидејќи заради него голем број Евреи ги напуштаа свештениците и почнуваа да веруваат во Исус. Следниот ден многубројниот народ што беше дошол на празникот разбра дека Исус доаѓа во Ерусалим. Луѓето зедоа палмови гранчиња, па излегоа да Го пречекаат, извикувајќи: „Спаси не сега! Благословен е Тој што доаѓа во името на Господ! Благословен да е Царот на Израел!“ Исус најде едно младо магаре и се качи на него, токму како што беше претскажано во Светото Писмо: „Не плаши се, ерусалимски народе! Погледни! Царот твој доаѓа, јавајќи на младо магаре!“ Во почетокот Неговите ученици не сфатија дека ова беше исполнување на пророштвото, но кога Исус се прослави, тогаш си спомнаа дека ова беше претскажано за Него и дека тие беа учесници и очевидци. А народот што беше со Исус кога Тој го повика Лазара од гробот и го оживе од мртвите продолжуваше да раскажува насекаде за таа случка. Како резултат на тоа, многуброен народ излезе да Го пречека, откако слушна дека Тој го направил ова чудо. Тогаш фарисеите си рекоа: „Гледате дека се е залудно! Целиот народ тргна по Исус!“ А меѓу оние што дојдоа на поклонение за време на празникот имаше и некои Грци. Тие му пристапија на Филип, кој беше од Бетцаида во Галилеја, и му рекоа: „Господине, сакаме да се сретнеме со Исус!“ Филип отиде и му кажа на Андреј. Потоа, Андреј и Филип отидоа заедно и Му кажаа на Исус. Тогаш Исус им одговори: „Дојде време Синот Човечки да влезе во Својата слава. Ве уверувам дека, доколку пченичното зрно не падне во земјата и не умре, тоа ќе остане само едно зрно. Ако, пак, умре, тоа ќе произведе многу нови зрна. Човек што себично сака да си го задржи животот, ќе го загуби, а оној што мрази да го живее својот живот само на овој свет, ќе добие вечен живот. Кој сака да Ми служи, тој мора да Ми се придружи, зашто и Мојот слуга треба да биде таму каде што сум Јас. А секој што Мене Ми служи, ќе биде почитуван од Мојот небесен Татко.“ „Сега душата Ми е длабоко потресена, но што да кажам? Зар да се молам: ,Татко, поштеди Ме од ова што Ме очекува?‘ Па токму за таа цел дојдов на овој свет! Татко, прослави го Своето име!“ Тогаш се чу глас од небото: „Веќе Го прославив и одново ќе го прославам!“ Многубројниот народ што стоеше и го слушна гласот, велеше: „Загрме!“ Други велеа: „Ангел Му проговори!“ Исус им одговори: „Овој глас не се јави заради Мене, туку заради вас. Сега е време за суд над овој свет. Владетелот на овој свет сега ќе биде соборен. А кога Јас ќе бидам подигнат над земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.“ Исус го рече ова за да објави со каква смрт ќе умре. Народот, пак, Му возврати: „Ние сме слушнале од Светото Писмо дека Месијата ќе остане вечно. Зошто Ти велиш дека Синот Човечки треба да умре и да биде подигнат над земјата? Кој е Тој Син Човечки?“ „Светлината ќе биде меѓу вас уште малку време“ - им рече Исус. „Дојдете кај Светлината, додека ја имате, за да не ве зафати слепо талкање во темнина. Верувајте во Светлината, додека ја имате меѓу вас, за да станете деца на Светлината.“ Исус го изговори ова, па си замина и се скри од нив. Иако Исус направи толку големи чуда пред Евреите, најголемиот дел од нив, сепак не поверуваа во Него, за да се исполни пророштвото изречено од пророкот Исаија: „Господе, кој и поверува на нашата порака? На кого да му се објави спасоносната сила Господова?“ Тие не можеа да поверуваат, зашто Исаија го рекол и следното: „Бог им ги ослепе очите и им го закорави умот на овие луѓе, за да не гледаат со очите, и да не разберат со умот, та да се обратат и Јас да ги излекувам.“ Исаија го кажа ова затоа што ја виде Христовата слава и зборуваше за Него. Па, иако многумина од старешините поверуваа во Исус, сепак, поради фарисеите криеја, за да не бидат исклучени од синагогата. Тие повеќе сакаа да добијат пофалба од луѓето, отколку од Бог. Тогаш Исус гласно извика: „Секој што верува во Мене, истовремено верува и во Оној што Ме испрати! Секој што Ме гледа Мене, Го гледа Оној што Ме испрати. Јас дојдов за да бидам светлина на овој свет. Кој верува во Мене, нема да живее во мрак. Јас нема да им судам на оние што ги слушаат Моите зборови, а не ги исполнуваат, зашто Јас дојдов да го спасам светот, а не да му судам. За оние што Ме отфрлаат и не ги примаат Моите зборови постои Судија: учењето што го објавив ќе им суди на Судниот Ден. Јас не зборувам од самоволие, туку го кажувам и го објавувам она што ми го кажа Таткото Кој Ме испрати. Јас знам дека Неговите заповеди носат вечен живот. Значи, сето ова што го зборувам Јас е она што Таткото Ми заповеда да го кажам.“ Беше ден пред празникот Пасха. Исус знаеше дека дојде времето да замине од овој свет и да се врати кај Таткото. Тој отсекогаш ги сакаше Своите следбеници кои беа во светот, и остана да ги сака докрај. За време на вечерата (а Ѓаволот веќе го беше поттикнал срцето на Јуда Искариот, син на Симон, да Го предаде), Исус, знаејќи дека Таткото Му предал се во Негови раце и дека од Бог излегол и кај Бог се враќа, стана од вечерата, ја соблече наметката и се препаша со крпа. Потоа Тој налеа вода во леген и започна да им ги мие стапалата на учениците и да им ги брише со крпата со која беше препашан. Кога стигна до Симон Петар, овој Му рече: „Господе, зар Ти да ми ги миеш стапалата!?“ Исус му одговори: „Ти сега не го разбираш ова што Јас го правам, но подоцна ќе сфатиш.“ „Не!“ - му рече Петар - „Ти никогаш нема да ми ги миеш стапалата!“ „Ако не те измијам“ - му одговори Исус - „нема да имаш дел со Мене!“ „Господе“, - му рече Симон Петар - „тогаш измиј ми ги не само стапалата, туку и рацете и главата!“ Исус му рече: „На искапаниот треба само стапалата да му се измијат, затоа што целиот е чист. Вие сте чисти, но не сите. Исус знаеше кој ќе Го предаде и затоа рече: „Сите не сте чисти“. Откако им ги изми стапалата и ја облече наметката, Исус повторно седна и им рече: „Сфаќате ли што направив за вас? Ме нарекувате Учител и Господ, и со право така велите, зашто Јас навистина сум тоа. Кога Јас, вашиот Господ и Учител, ви ги измив стапалата, тогаш и вие треба да си ги миете стапалата еден на друг. Јас ви дадов пример за да постапувате и вие како што Јас постапив со вас. Ве уверувам дека слугата не е поголем од господарот, ниту пратеникот од оној што го испратил. Штом ги знаете овие работи, благословени ќе бидете ако ги извршувате. Не ви се обраќам на сите. Јас ги знам оние што сум ги избрал. Но она што го вели Светото Писмо мора де се исполни. А тоа вели: ,Оној што заедно со мене јадеше, ја крена својата петица против мене‘. Ви ги кажувам овие работи уште пред да се случат, па кога ќе се исполнат, да поверувате дека Јас Сум Тој што Сум. Ве уверувам дека секој што го прима оној што Јас го испраќам - Мене Ме прима; а Кој Ме прима Мене - Го прима Оној што Ме испрати.“ Откако го рече ова, Исус длабоко се натажи и рече: „Ова што ќе ви го кажам е вистина: еден од вас ќе Ме предаде!“ Учениците започнаа да се загледуваат еден во друг, прашувајќи се за кого зборува. Еден од Неговите ученици беше навален на Исусовите гради. Тој му беше најомилениот ученик на Исус. Нему Симон Петар му даде знак да праша на кого се однесува реченото? Тој повторно се навали на Исусовите гради и Го праша: „Господе, за кого зборуваш?“ Исус му одговори: „Тоа е оној на кого ќе му го дадам залакот што ќе го макнам.“ Потоа го макна залакот и му го даде на Јуда Искариот, син на Симон. Веднаш по залакот, Сатаната влезе во Јуда. Исус, пак, му рече: „Направи го брзо тоа што си наумил да го направиш!“ Но никој од присутните не разбра зошто Исус му рече така. Јуда беше задолжен за ќесето со пари, па некои помислија дека Исус му порачува да купи се што е потребно за празникот, или да им даде нешто на сиромасите. Кога Јуда го прими залачето леб веднаш излезе. А беше ноќ. Кога Јуда излезе, Исус рече: „Сега Синот Човечки ќе биде прославен и Тој ќе Му донесе слава на Бог. Штом Тој ќе Му донесе слава на Бог, тогаш и Бог ќе Го прослави Него и тоа ќе биде наскоро! Чеда Мои, уште малку сум со вас. Потоа ќе Ме барате, но како што им кажав на еврејските старешини, така и вам сега ви кажувам: вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам. Нова заповед ви давам: „Сакајте се еден со друг! Како што Јас ве засакав, така и вие да се сакате еден со друг. Ако се сакате еден со друг, луѓето ќе знаат дека сте Мои ученици.“ Симон Петар Му рече: „Господе, каде заминуваш?“ Исус му одговори: „Ти сега не можеш да дојдеш таму каде што Јас заминувам, но ќе Ми се придружиш подоцна.“ Петар Му рече: „Господе, зошто не можам да Ти се придружам сега? Јас сум готов и својот живот да го положам за Тебе!“ „Твојот живот ли ќе го положиш за Мене?“ - му возврати Исус. „Те уверувам, дека, уште пред да запее петел - ти трипати ќе порекнеш дека воопшто Ме познаваш!“ „Не вознемирувајте се! Верувајте во Бог! Верувајте и во Мене! Во домот на Мојот небесен Татко има многу живеалишта. Ако не беше така, зар ќе ви речев дека одам да приготвам место за вас? Откако ќе отидам и ќе ви приготвам место, повторно ќе се вратам и ќе ве земам кај Себе, за да бидете и вие таму каде што сум Јас. Вие го знаете патот до местото каде што заминувам.“ Тома Му рече: „Господе, ние не знаеме ни каде заминуваш! Како, тогаш, можеме да го знаеме патот!?“ Исус му одговори: „Јас сум Патот, Вистината и Животот. Без Мене, никој не може да дојде кај небесниот Татко. Ако Ме познавате Мене, Го познавате и Мојот Татко. Отсега Го знаете и сте Го виделе.“ Филип Му рече: „Господе, покажи ни Го небесниот Татко и тоа ќе ни биде доволно!“ Исус му одговори: „Филипе, долго време сум со вас. Зар не знаеш кој сум Јас!? Секој што Ме видел Мене, Го видел небесниот Татко. Како можеш да кажеш: ?Покажи ни Го небесниот Татко‘? Зарем не веруваш дека Јас сум во Таткото и дека Таткото е во Мене? Зборовите што ви ги зборувам Јас не ги зборувам од Себе, туку небесниот Татко, Кој живее во Мене, ги врши Своите дела. Верувајте Ми дека Јас сум во Таткото и Таткото е во Мене, или барем верувајте заради чудата. Ве уверувам дека секој што верува во Мене ќе ги прави истите дела што ги правам Јас, а и поголеми од Моите, зашто Јас заминувам кај небесниот Татко. Секоја ваша молба упатете ја до Мене и Јас ќе ви ја исполнам. На тој начин Синот ќе Му донесе слава на небесниот Татко. Јас ќе направам се што ќе побарате во Мое име. Ако имате љубов спрема Мене, ќе го правите она што ви го заповедам. А Јас ќе побарам од небесниот Татко и Тој ќе ви даде друг Помошник, Кој ќе остане со вас засекогаш. Тоа е Духот Кој ќе ви ја открива вистината. Световните луѓе не се во состојба да Го примат Него, затоа што не Го гледаат, ниту Го познаваат. Вие Го познавате Светиот Дух, зашто Тој е со вас и ќе продолжи да живее во вас. Нема да ве оставам сираци - Јас ќе се вратам кај вас! Уште малку и светот повеќе нема да Ме гледа, но вие ќе Ме гледате; и бидејќи Јас живеам - ќе живеете и вие. Кога ќе дојде тој ден, ќе сфатите дека Јас сум едно со Мојот Татко, вие сте едно со Мене и Јас сум едно со вас. Тој што ги прифаќа Моите заповеди и ги исполнува - покажува дека Ме сака. А секој што Ме сака, ќе биде сакан и од Мојот Татко и од Мене и Јас ќе му се објавам.“ „Господе“, - Му рече Јуда (не Јуда Искариот, туку другиот) - „Како можеш да ни се објавиш нам, а не и на светот?“ Исус му одговори: „Ако некој Ме сака, ќе му се покорува на Моето учење. Тогаш Мојот Татко ќе го засака и Ние ќе дојдеме кај тој човек и во него ќе живееме. А тој што не Ме сака, нема да му се покорува на Моето учење. Зборовите што ги слушате не се Мои, туку на Оној што Ме испрати, а тоа е небесниот Татко. Ова ви го кажав уште додека сум кај вас. Но небесниот Татко, наместо Мене, ќе ви Го испрати Светиот Дух да ви биде Помошник. Тој ќе ве научи на се и ќе ве потсети на се што Јас ви кажував. Ви давам мир - Мојот сопствен мир ви го давам. Мирот што Јас ви го давам не е како мирот што го дава светот. Затоа, не вознемирувајте се и не плашете се! Слушнавте кога ви реков: ,Заминувам, но пак ќе се вратам кај вас‘. Ако навистина Ме сакате, ќе се радувате што заминувам кај Таткото, бидејќи Таткото е поголем од Мене. Однапред ви го кажав ова, па кога ќе се случи, да имате вера во Мене. Нема уште долго да разговарам со вас, зашто кнезот на овој свет доаѓа. Тој нема власт над Мене, но, светот мора да сфати дека го сакам Таткото и затоа дејствувам онака како што Ми заповеда Таткото. Ајде, станете да си одиме одовде.“ Исус им рече на Своите ученици: „Јас сум вистинската Лоза, а Мојот небесен Татко е Лозарот. Секоја прачка на Мене, која не раѓа плод, Тој ја отсечува. А секоја прачка што раѓа плод, Тој ја чисти, за да дава уште повеќе род. Вие сте веќе чисти преку словото што ви го проповедав. Останете сврзани за Мене и Јас ќе останам сврзан за вас. Како што прачката не може да раѓа плод сама од себе, ако не е сврзана за лозата, така ни вие нема да можете да бидете плодотворни, ако не останете сврзани за Мене. Јас сум Лозата, а вие сте прачките. Ако останете сврзани за Мене и Јас за вас, ќе бидете многу плодотворни. А без Мене не можете да постигнете ништо. Ако не останете сврзани за Мене, ќе бидете исфрлени како отсечени прачки и ќе се исушите. А сувите прачки ќе бидат собрани и в оган изгорени. Ако останете сврзани за Мене и ако Моето учење се вкорени во вас, тогаш секоја ваша молитва ќе ви биде исполнета. Кога вие ќе станете Мои плодотворни ученици, тоа ќе Му донесе слава на Мојот небесен Татко. Јас ве сакам исто како што и Таткото Ме сака Мене. Останете под закрилата на Мојата љубов. Вие ќе останете под закрила на Мојата љубов, ако ги извршувате Моите заповеди, исто како што Јас ги исполнив заповедите на Мојот Татко и останувам под закрила на Неговата љубов. Ова ви го кажав за да бидете наполно радосни, како што Сум Јас. Сега ви заповедам: Сакајте се меѓу себе како што Јас ве сакам. Најголема љубов што некој може да ја искаже спрема своите пријатели е да го даде својот живот за нив. Ќе ве сметам за Мои пријатели, ако го извршувате она што ви го заповедам. Не ви зборувам како на Мои слуги, зашто слугите не знаат што прави нивниот господар, туку ве сметам за пријатели, и затоа ви го објавив сето она што Ми го кажа Мојот небесен Татко. Не Ме избравте вие Мене, туку Јас ве избрав вас и ве испратив да одите и да создавате плод - таков плод што трајно ќе остане. Тогаш Мојот небесен Татко ќе ви ја исполни секоја молба што ќе Му ја упатите во Мое име. Значи, ви заповедам да се сакате еден со друг!“ „Кога луѓето од овој свет ќе ве мразат, сетете се дека прво Мене Ме замразија. Да му припаѓавте на светот, тој ќе ве сакаше како свои. Но Јас ве избрав од светот и вие не му припаѓате на светот; затоа светот ве мрази. Спомнете си на зборовите што ви ги кажав: ?Слугата не е поголем од својот господар‘. Штом Мене Ме прогонуваа, и вас ќе ве прогонуваат. Штом Моето учење го слушаа, ќе го слушаат и вашето. Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го познаваат Оној што Ме испрати. Да не дојдев и да не им зборував, немаше да бидат виновни за грев. Но сега немаат изговор за своите гревови. Кој Ме мрази Мене - Го мрази и Мојот Татко. Да не бев направил чуда меѓу нив, какви што никој друг не направил, немаше да бидат виновни за грев. Но тие, и покрај тоа што ги видоа Моите дела, сепак не замразија и Мене и Мојот Татко. Но ова е за да се исполни претскажаното во Светото Писмо: ,Без причина Ме замразија‘. Кога ќе дојде Помошникот - Духот на вистината, Кој произлегува од Таткото и Кого Јас ќе ви го пратам од Таткото - Тој ќе ја објавува вистината за Мене. А и вие ќе ја објавувате вистината за Мене, затоа што од почеток сте со Мене.“ „Овие работи ви ги кажав за да не се исплашите. Ќе бидете исклучувани од синагогите. И не само тоа, туку ќе дојде време кога ќе ве убиваат, и ќе мислат дека со тоа му прават услуга на Бог! Тие ќе ги вршат овие работи затоа што не Го познаваат ниту небесниот Татко, ниту пак Мене Ме познаваат. Ова ви го кажувам сега, та кога ќе дојде времето тоа да се исполни, да се сетите на ова што ви го кажав. На почетокот не ви зборував за ова, бидејќи бев со вас.“ „А сега заминувам кај Оној што Ме испрати, па сепак, никој од вас не Ме прашува: ?Каде заминуваш?‘ Кога ви го кажав сето ова, срцата ви се исполнија со тага. Но јас ви ја кажувам вистината: во ваша полза е Јас да заминам, зашто додека не заминам, Помошникот, Светиот Дух, нема да дојде кај вас. А штом Јас ќе заминам, ќе ви Го испратам. Кога Светиот Дух ќе дојде, ќе му ја објави на светот вистината за гревот, за Божјата правда и за Судот. Нивниот грев е во тоа што не веруваат во Мене. Тие не ја согледаа Божјата правда, зашто Јас заминувам кај Таткото и повеќе нема да Ме гледате. Тие не ја сфатија вистината за Судот, зашто кнезот на овој свет е веќе осуден. Уште многу имам да ви зборувам, но сега не сте во состојба да поднесете. Кога ќе дојде Духот на вистината, Тој ќе ве води во целосната вистина, зашто Тој нема да зборува Сам од Себе, туку ќе го зборува тоа што од Мене ќе го чуе, и ќе ви ја открие иднината. Светиот Дух ќе Ме прослави Мене со тоа што ќе ви ја пренесе Мојата порака. Се што има Таткото е Мое. Затоа ви реков дека Духот ќе ја земе пораката од Мене и ќе ви ја пренесе вам.“ „Уште малку, па веќе нема да Ме гледате, но по извесно време пак ќе Ме видите.“ Тогаш некои од Неговите ученици си рекоа еден на друг: „Што значи ова што ни го вели: ,Уште малку, па веќе нема да Ме гледате, а по извесно време пак ќе Ме видите?‘ и: ?зашто заминувам кај Таткото‘!?“ Тие продолжуваа да прашуваат: „Што значи тоа ?уште малку‘ за кое Тој зборува!? Не разбираме за што зборува!“ Исус сфати дека тие сакаат да Го прашаат, па им рече: „Реков: ?Уште малку, па нема да Ме гледате, но по извесно време пак ќе ме видите.‘ За ова ли се расправате меѓу себе? Со сигурност можам да ви кажам дека вие ќе плачете и ќе тагувате, а светот ќе се радува. Вие ќе тагувате, но подоцна вашата тага ќе се претвори во радост. Кога жената раѓа, таа има болки, зашто дошло времето на болките. Но, кога ќе се роди детето, таа заборава на маките, и се радува што родила човек на овој свет. Така и вие сега сте полни со тага. Но повторно ќе се видиме и ќе се израдувате; таа радост не ќе може никој да ви ја одземе! Во тој ден, за ништо повеќе нема да Ме прашувате. Ве уверувам дека Мојот небесен Татко ќе ви даде се што ќе посакате во Мое име. Досега не сте побарале ништо во Мое име. Барајте и ќе добиете, за да бидете наполно среќни.“ „Се користев со споредби за да ви го објаснам тоа што сакав да ви го кажам. Доаѓа време кога нема повеќе да се служам со споредби, туку отворено ќе ви кажувам за небесниот Татко. Во тој ден ќе барате во Мое име и не ќе има потреба Јас да Го молам Таткото за вас, зашто, Таткото и Самиот ве сака, бидејќи вие Мене Ме засакавте и поверувавте дека Јас дојдов од Бога. Јас дојдов од Таткото и влегов во светот. Сега заминувам од светот и се враќам кај Таткото.“ Неговите ученици рекоа: „Ете, сега ни зборуваш отворено и не се служиш со споредби. Сега знаеме дека Ти разбираш се и нема потреба да Те прашуваме. Поради тоа, ние веруваме дека Ти си дојден од Бог.“ Исус им одговори: „Велите дека сега верувате? Еве, доаѓа часот, и веќе е дојден, кога ќе се разбегате, секој на своја страна, а Мене ќе Ме оставите Сам. Сепак, Јас нема да бидам сам, зашто Таткото ќе биде со Мене. Овие работи ви ги кажав, за да имате мир преку единство со Мене. Додека сте во светот, ќе доживувате страдања, но разведрете се - Јас го поразив светот!“ Откако Исус ги искажа овие работи, го подигна погледот кон небото и почна да се моли: ”Татко, дојде часот да Го прославиш Својот Син, за да може Синот да Те прослави Тебе; зашто, Ти Му даде власт над сите луѓе, да може да им даде вечен живот на сите оние што Му ги имаш дадено. А вечен живот е ова: да Те познаат Тебе, единствениот вистински Бог, и Исус Христос, Кого Ти Го испрати‘. Јас Ти донесов слава овде на Земјата со тоа што ја извршив задачата што Ти ми ја довери. А сега, Татко, врати ми ја одново славата што ја имав со Тебе пред создавањето на светот. Татко! Јас Те објавив на луѓето што Ти ми ги даде од светот. Твои беа, но Ти ми ги даде и тие ја послушаа Твојата порака. Сега знаат дека се што имам, Ти Си ми го дал, зашто пораката што Ти ми ја даде, им ја пренесов и тие ја прифатија. Сега знаат дека од Тебе дојдов и веруваат дека Ти Ме испрати. Јас се молам за нив; не се молам за оние што му припаѓаат на светот, туку за оние што ми ги даде, зашто се Твои. Се што имам Јас е Твое, и се што имаш Ти е Мое; тие ќе ми донесат слава. Свети Татко! Јас повеќе не сум во светот, зашто се враќам кај Тебе, но тие остануваат во светот. Зачувај ги преку силата на Своето име што Ти ми го даде, за да бидат едно, како што Ти и Јас сме едно. Додека бев со нив, Јас ги чував преку силата на Твоето име што Ти ми го даде, и ги зачував. Никој од нив не се загуби, освен синот на пеколот, за да се потврди претскажаното во Светото Писмо. А сега, Јас се враќам кај Тебе и овие работи ги кажувам додека сум се уште во светот, за Моите следбеници да ја имаат во себе истата, целосна радост, што ја имам Јас. Јас им ја предадов Твојата порака, но светот ги замрази, зашто тие не му припаѓаат на светот, исто како што ни Јас не му припаѓам на светот. Татко! Не Те молам Моите следбеници да ги земеш од светот, туку да ги чуваш од Злиот. Тие не му припаѓаат на светот, како што ни Јас не му припаѓам на светот. Твојот збор е вистина. Направи ги свети преку вистината. Јас ги испраќам во светот, како што Ти Мене Ме испрати во светот. Јас се посветив за нив, за и тие да и бидат посветени на вистината. Не молам само за овие Мои следбеници, туку и за оние што ќе поверуваат во Мене како резултат на нивното проповедање, па така сите да бидат едно. Како што си Ти Татко во Мене и Јас во Тебе, така и тие да бидат во Нас, за да поверува светот дека Ти Ме испрати. Јас им ја дадов истата слава што Ти ми ја даде, за да бидат едно, како што Ти и Јас сме едно. Јас сум во нив, а Ти си во Мене; така и тие да бидат во целосно единство и светот да сфати дека Ти Ме испрати и дека ги сакаш Моите следбеници исто како што Ме сакаш Мене. Татко, сакам да бидат таму со Мене сите што Ми ги имаш дадено, за да ја гледаат Мојата слава, што ми ја даде Ти, зашто Ме засака уште пред да биде создаден светот! Праведен Татко! Светот Тебе не Те познава, но Јас Те познавам, а Моите следбеници сфатија дека Ти Ме испрати. Јас им објавив за Тебе и ќе продолжам да Те објавувам. Тогаш љубовта што ја имаш Ти спрема Мене ќе стане дел од нив и Јас ќе бидам во единство со нив.“ Откако заврши со молитвата, Исус отиде со Своите ученици од другата страна на сезонскиот поток Кидрон, каде што имаше една овошна градина. Тој и Неговите ученици влегоа во неа. А предавникот Јуда го знаеше тоа место, зашто Исус и Неговите ученици често се собираа таму. Тогаш дојде и Јуда, предводејќи еден одред војници и гардисти на храмот, испратени од свештеничките поглавари и од фарисеите. Тие беа вооружени, а носеа и факли и фенери. Иако знаеше што се мора да Му се случи, Исус излезе и ги праша: „Кого барате?“ Тие Му одговорија: „Исусa од Назарет!“ “Јас сум Тој“ - им рече Исус. Таму, со групата, стоеше и предавникот Јуда. Кога Исус им рече, „Јас сум Тој“ - тие се повлекоа и испопаѓаа по земјата. Тогаш Исус повторно ги праша: „Кого барате?“ “Исусa од Назарет“ - повторија тие. Исус им одговори: „Ви реков дека Јас сум Тој. Штом Мене Ме барате, пуштете ги овие луѓе да си одат!“ Тој го направи ова за да се исполнат зборовите што ги рече: „Не загубив ниту еден од оние што Ми ги даде.“ Тогаш Симон Петар, кој имаше меч, го извлече и го удри слугата на Првосвештеникот, отсекувајќи му го десното уво. Името на слугата му беше Малхус. Исус му заповеда на Петар: „Врати го мечот во канијата! Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Таткото?“ Тогаш римскиот заповедник, со својот одред и со гардистите на храмот, Го уапси Исуса. Го врзаа и Го одведоа најнапред кај Анан, кој му беше дедо на Кајафа, Првосвештеникот за таа година. Тоа беше истиот оној Кајафа што ги посоветува Евреите дека е подобро еден човек да умре за народот. Симон Петар и еден друг ученик одеа по Исус. Тој ученик се познаваше со Првосвештеникот, па влезе заедно со Исус во дворот на Првосвештеникот, а Петар остана надвор, пред влезот. Тогаш другиот ученик, кој се познаваше со Првосвештеникот, излезе и откако зборуваше со вратарката, го внесе и Петар внатре. А вратарката му рече на Петар: „Да не си и ти еден од учениците на Овој човек?“ „Не сум!“ - и одговори тој. Беше студено, па слугите и гардистите стоеја околу огнот што го запалија и се грееја. И Петар дојде кај нив, за да се стопли. Во меѓувреме, Првосвештеникот Го испрашуваше Исуса за Неговите ученици и за Неговото учење. „Јас отворено му зборував на светот“ - му одговори Исус. „Секогаш поучував во синагога или во храмот, каде што сите Евреи се собираат. Ништо не сум зборувал во тајност. Зошто ме прашуваш Мене, што сум им зборувал? Прашај ги оние што Ме слушаа! Тие знаат што зборував!“ Штом го рече тоа, еден од гардистите, кој стоеше во близина, Му удри шлаканица на Исус, велејќи: „Така ли се одговара на Првосвештеник!?“ Исус му одговори: „Ако реков нешто лошо, кажи што е тоа, а ако ја кажав вистината, зошто Ме удираш?“ Тогаш Анан Го испрати Исуса врзан кај Првосвештеникот Кајафа. Додека Симон Петар се уште стоеше таму и се грееше, некој го праша: „Да не си и ти еден од учениците на Оној човек?“ Петар вторпат одрече, велејќи: „Не сум!“ Еден од слугите на Првосвештеникот, кој му беше роднина на Малхус, на кого Петар му го отсече увото, рече: „Зар не те видов и тебе во градината со Оној човек?“ Петар третпат одрече и во тој момент запеа петел. Беше рано наутро кога Го одведоа Исуса откај Кајафа до палатата на гувернерот. Евреите не влегоа во палатата, зашто секаква близина со неевреи би ги опоганила, и тие не би можеле да ја јадат Пасхалната вечера. Пилат излезе кај нив и ги праша: „Какво обвинение поднесувате против Овој човек?“ Тие му одговорија: „Да не беше Овој човек злосторник, зар ќе ти го доведовме!?“ Но Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон!“ „Нам не ни е дозволено да извршуваме смртна пресуда над никого“ - му рекоа Евреите. Така започна да се исполнува она што го рече Исус за начинот на кој Тој ќе умре. Тогаш Пилат се врати во палатата, Го повика Исуса, и Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус одговори: „Од тебе ли потекнува ова прашање, или други ти кажувале за Мене?“ „Зар сум јас Евреин?“ - одговори Пилат. „Твојот народ и свештеничките поглавари Те предадоа кај мене. Што си сторил?“ Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет. Да беше Моето царство од овој свет, Моите следбеници ќе се бореа да не им паднам во рацете на еврејските верски водачи. Не, Моето царство не е одовде.“ Тогаш Пилат Му рече: „Значи, сепак Ти си цар!?“ „Ти рече дека сум цар“ - одговори Исус. „Јас се родив и дојдов на светот за да бидам сведок за вистината. Секој што ја сака вистината, ќе познае дека ја зборувам вистината и ќе Ме слуша.“ Пилат Го праша Исуса: „Што е тоа вистина?“ Штом го рече тоа, повторно излезе кај Евреите и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина кај Него. Но, кај вас постои обичај секоја година да барате да ви ослободам по еден затвореник за време на Пасхата. Сакате ли да ви Го ослободам царот на Евреите?“ Тие му одговорија со викотница: „Не Него, туку Бараба!“ А Бараба беше бунтовник и убиец, кој се наоѓаше в затвор. Тогаш Пилат нареди Исус да биде камшикуван. Војниците исплетоа венец од трње, Му го ставија на главата и Му облекоа пурпурна наметка. Потоа одеа околу Него и викаа: „Здраво, царе на Евреите!“ и Го удираа со тупаници. Пилат повторно излезе надвор, па им рече на Евреите: „Еве, ќе ви Го изнесам надвор, но да знаете дека не најдов никаква вина кај Него!“ Тогаш Го изведоа Исуса со трнов венец на главата и со пурпурната наметка. Пилат им рече: „Еве Го човекот!“ Кога Го видоа свештеничките поглавари и гардистите на храмот почнаа да викаат: „Распни Го! Распни Го!“ Пилат им рече: „Земете Го, и самите распнете Го, зашто јас не најдов никаква вина кај Него!“ Евреите му одговорија: „Тој тврдеше дека е Божјиот Син! Според нашиот верски Закон Тој мора да биде осуден на смрт!“ Кога го слушна тоа, Пилат уште повеќе се исплаши, па влезе повторно во палатата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му одговори. „Зар одбиваш да зборуваш со мене!?“ - му рече тогаш Пилат. „Зар не знаеш дека јас имам власт да те пуштам или да те распнам!?“ Исус му одговори: „Да не ти беше дадена од Бога, ти немаше да имаш никаква власт над Мене. Затоа, оној што Ме предаде е виновен за поголем грев.“ Кога го слушна ова, Пилат сакаше да Го ослободи, но Евреите упорно викаа: „Ако го пуштиш овој човек - не си му пријател на римскиот цар! Секој што себеси се прогласува за цар, се бунтува против римскиот цар!“ Кога Пилат го слушна тоа, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот престол, на местото наречено Плочник (на хебрејски: Габата). Беше околу пладне, ден пред празникот Пасха. Тогаш тие се развикаа: „Убиј го! Убиј го! Распни го!“ Пилат им рече: „Зар вашиот цар да Го распнам!?“ “Ние немаме друг цар освен римскиот цар!“ - му одговорија свештеничките поглавари. Тогаш Пилат им Го предаде, за да Го распнат. Тие Го одведоа Исуса. Носејќи го сам крстот, Исус дојде до местото наречено Череп, кое на арамејски јазик се вика Голгота. Таму Го распнаа, заедно со уште други двајца: едниот од едната, другиот од другата страна на Исус. Пилат нареди на дрвена плоча да се напише обвинението и да се прицврсти на крстот. Текстот гласеше: „Исус од Назарет, цар на Евреите.“ Многумина од Евреите го прочитаа овој натпис, зашто местото каде што Го распнаа Исуса беше близу до градот. Текстот беше напишан на арамејски, на латински и на грчки јазик. Свештеничките поглавари му рекоа на Пилат: „Зошто си напишал ,Цар на Евреите‘? Требаше да напишеш: ?Самопрогласен цар на Евреите!‘“ „Што напишав - напишав!“ - им одговори Пилат. Откако Го распнаа Исуса, војниците Му ги зедоа алиштата и ги разделија на четири дела - по еден дел за секој војник. Но туниката на Исус беше без раб, исткаена од еден дел. Затоа тие си рекоа еден на друг: „Да не ја кинеме, туку ајде да фрлиме жрепка за неа, па да видиме кој од нас ќе ја добие!“ Така се исполни Светото Писмо, кое претскажа: „Моите алишта си ги разделија, а за туниката фрлија жрепка.“ Веднаш до Исусовиот крст стоеја Неговата мајка, нејзината сестра, чие име беше Марија, која му беше сопруга на Клопас, и Марија Магдалена. Кога Исус ги виде Својата мајка и Својот милен ученик крај неа, Тој и рече на мајка си: „Жено, сега тој ќе ти биде син!“ Потоа му рече на ученикот: „Отсега таа нека ти биде мајка!“ Од тој ден, тој ја зеде Исусовата мајка кај себе. Потоа, знаејќи дека целокупното Негово дело е завршено, а за да се исполни Светото Писмо, Исус рече: „Жеден сум!“ Таму имаше еден сад полн со вински оцет. Откако закачија сунѓер натопен во винскиот оцет на една прачка од хисоп, Му го принесоа до устата. Штом вкуси од винскиот оцет, Исус рече: „Се сврши!“ Потоа ја наведна главата и умре. Тој ден, петок, беше денот на подготовка за утрешниот празник Пасха, кој за Евреите претставува особено значаен празник. Затоа тие побараа од Пилат да им ги прекрши нозете на распнатите и да ги симне, за да не останат да висат телата распнати на крстовите и во саботата. Така, војниците дојдоа и најпрво им ги прекршија нозете на другите двајца кои беа распнати со Исус. А кога дојдоа до Исус видоа дека веќе е мртов, па не Му ги скршија нозете. Наместо тоа, еден од војниците со копје Го прободе под ребрата, при што потекоа крв и вода. Знаеме дека сето ова е точно, затоа што го кажува човекот што лично беше таму и со свои очи виде. Затоа можете да верувате и вие. Ова се случи за да се исполни Светото Писмо, кое претскажа: „Ниту една Негова коска нема да биде скршена.“ На друго место Писмото вели: „Ќе Го гледаат Оној што Го прободоа.“ Подоцна Јосиф од градот Ариматеја, кој беше таен Исусов следбеник, поради страв од Евреите, побара од Пилат да му го даде телото на Исус. Пилат му одобри и Јосиф отиде и го зеде телото од крстот. Дојде и Никодим со околу триесет и четири килограми смеса од ароматични смоли. Тоа беше оној Никодим кој порано беше дошол кај Исус ноќе. Тие го зедоа Исусовото тело и го завиткаа во платно, заедно со ароматичните смоли, според еврејскиот обичај на подготвување за погреб. А на местото каде што Го распнаа имаше една градина и во неа една нова гробница, во која се уште никој не беше погребуван. Таму го положија телото на Исус, зашто гробот беше близу, а тие се брзаа, бидејќи беше ден на подготовка за саботата и Пасхата. Во неделата, уште во рани мугри, додека се уште беше темно, Марија Магдалена дојде на гробот и го виде каменот иставен од отворот на гробницата. Таа со трчање отиде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кој му беше љубимец на Исус, па им рече: „Го зеле телото на Господ од гробницата, а не знаеме каде Го преместиле“ Тогаш Петар и другиот ученик излегоа и се упатија кон гробот. Обајцата трчаа, но другиот ученик истрча побрзо од Петар и прв втаса до гробот. Тој се наведна и го виде платното како лежи таму, но не влезе внатре. Кога стигна и Симон Петар, влезе во гробот, па го виде платното како лежи таму, како и погребната шамија која беше употребена за завиткување на Исусовата глава. Шамијата не беше заедно со платното, туку беше одвоено свиткана на едно место. Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, па виде и поверува; (зашто тие тогаш не знаеја дека, според Светото Писмо, Исус ќе воскресне од мртвите). Потоа учениците се вратија дома. Марија Магдалена стоеше надвор до гробницата плачејќи. Додека така плачеше, таа се наведна над влезот на гробницата и виде двајца ангели во бело како седат на местото каде што било Исусовото тело: едниот кај главата, а другиот кај нозете. Ангелите ја прашаа Марија: „Зошто плачеш?“ “Го зеле телото на мојот Господ и не знам каде Го преместиле!“ - им рече таа Штом го рече тоа, таа се сврте и Го виде Исуса како стои таму, но не Го позна. Исус и рече: „Зошто плачеш? Кого бараш?“ Мислејќи дека тоа е градинарот, Марија Му рече: “Господине, ако си Го зел телото ти, кажи ми каде си го преместил и јас ќе го земам.“ Исус и рече: „Мирјам!“ Таа се сврте и Му одговори на хебрејски: „Рабани!“ (Во превод значи: ,Учителе‘.) Исус и рече: „Не држи се за мене, зашто се уште не Сум се вратил кај небесниот Татко. Оди кај Моите ученици и кажи им дека Јас се враќам кај Мојот Татко и Бог, Кој е и ваш Татко и Бог.“ Тогаш Марија Магдалена отиде и им јави на Исусовите ученици: „Го видов Господ!“ Потоа таа им го пренесе она што Исус и го кажа. Во истиот тој ден, а беше недела, кога се стемни, Исусовите ученици се беа собрале зад затворени врати, поради страв од еврејските верски водачи. Тогаш Исус ненадејно се појави, застана на средина и ги успокои со поздрав. Потоа им ги покажа рацете и ребрата отстрана. Кога видоа дека тоа е Господ, учениците многу се израдуваа. Исус повторно ги успокои, пренесувајќи им Го својот мир, а потоа им рече: „Како што Мене Ме прати небесниот Татко, така сега Јас ве праќам вас.“ Откако го рече тоа, Тој им вдахна од Својот Дух, велејќи: „Примете Го Светиот Дух! Ако на луѓето им ги простите гревовите - ќе им бидат простени, а ако не им ги простите - ќе им останат.“ Иако Тома (со грчки прекар Дидимус) беше еден од дванаесетте Христови ученици, тој не беше со нив кога Исус им се појави. Другите ученици го уверуваа: „Го видовме Господ!“ Но тој им велеше: „Додека на Неговите раце не ги видам лузните од клиновите и не ги ставам прстите во раните од клиновите, а раката под Неговите ребра - нема да поверувам!“ По осум дена, учениците повторно беа собрани внатре, а овојпат и Тома беше со нив. Иако вратата беше заклучена, Исус дојде, застана насреде и ги успокои со поздрав! Потоа му рече на Тома: „Стави ги своите прсти овде и погледни ги Моите раце; испружи ја раката и стави ја на лузната под Моите ребра. И престани да се сомневаш, туку верувај!“ Тогаш Тома Му се обрати со зборовите: „Ти Си мојот Господ и мојот Бог!“ А Исус му рече: „Ти поверува затоа што Ме виде; благословени се оние што веруваат, иако не Ме виделе!“ Исус пред Своите ученици направи уште многу други чуда кои не се запишани во оваа книга. А овие се запишани за да поверувате дека Исус е Месијата, Божјиот Син, и преку вера во Него да имате вистински живот. Подоцна Исус уште еднаш им се појави на Своите ученици, покрај Тибериското Езеро. Тоа се случи вака: Се беа собрале Симон Петар, Близнакот Тома, Натанаел од Галилејска Кана, синовите на Завдај и други двајца од Исусовите ученици. Симон Петар им рече: „Одам на риболов!“ „И ние ќе дојдеме со тебе!“ - му рекоа тие, и сите заедно тргнаа со бротчето. Но цела ноќ не уловија ништо. В зори, Го видоа Исуса на брегот, но не Го познаа. Тој им довикна: „Деца, имате ли некоја риба?“ „Немаме“ - му одговорија тие. Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на бротчето и ќе уловите.“ Тие ја фрлија и не можеа да ја извлечат од големиот број риби што ги уловија. Тогаш, ученикот што му беше љубимец на Исус, му рече на Петар: „Тоа е нашиот Господ!“ Штом слушна дека тоа е Господ, Симон Петар се препаша со наметката што претходно ја беше соблекол, па скокна во езерото и почна да плива кон брегот. Останатите ученици со бротчето беа на околу деведесет метри од брегот и набргу пристигнаа, влечејќи ја мрежата со рибите. Кога излегоа на копното, видоа леб и риба, ставена на разгорен јаглен. Исус им рече: „Донесете од рибите што пред малку ги уловивте!“ Симон Петар се качи на бротчето и ја извлече мрежата на брегот. Во неа имаше сто педесет и три големи риби. Иако беше полна со големи риби, мрежата сепак не се скина. „Дојдете, јадете!“ - им рече Исус. А никој од учениците не се осмели да Го праша: „Дали си навистина Ти, Господе?“, зашто знаеја дека Тој е нивниот Господ. Исус зеде од лебот и им раздаде, а истото го направи и со рибите. Ова беше веќе третпат како Исус им се појави на Своите ученици откако воскресна од мртвите. Кога се најадоа, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли повеќе од овие?“ „Да, Господе“, - Му одговори тој - „Ти знаеш дека Те сакам.“ Исус му рече: „Тогаш, храни ги Моите јагниња!“ И вторпат го праша: „Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли?“ „Да, Господе“, - Му одговори Петар - „Ти знаеш дека Те сакам.“ „Тогаш, грижи се за Моите овци“ - му рече Исус. Исус и третпат проговори и овојпат го праша: „Симоне, сине Јованов, Ме сакаш ли?“ Петар се нажали што Исус третиот пат го праша: „Ме сакаш ли?“, па Му рече: „Господе, Ти знаеш се, Ти знаеш дека Те сакам!“ „Тогаш храни ги Моите овци!“ - му рече Исус. „Додека си млад, сам се препашуваш и одиш каде што сакаш. Но, те уверувам дека, кога ќе остариш, ќе ги пружиш рацете и други ќе те препашат и ќе те одведат таму каде што не сакаш.“ Исус го рече ова за да посочи со каква смрт Петар ќе Го прослави Бога. Потоа, Исус му рече на Петар: „Дојди со Мене!“ Петар се сврте и виде дека ги следи ученикот што му беше љубимец на Исус. Тоа беше истиот оној ученик, кој за време на вечерата се беше навалил на Исусовите гради и Го беше прашал: „Господе, кој е тој што ќе Те предаде?“ Кога Петар го виде тој ученик, му рече на Исус: „Господе, што ќе стане со овој човек?“ Исус му одговори: „Ако сакам тој да остане жив додека Јас да се вратам, што ти е тебе грижа? Ти дојди со Мене!“ Затоа се рашири глас меѓу Христовите следбеници, дека тој ученик нема да умре. Но Исус не рече дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане жив додека Јас да се вратам, што ти е тебе грижа?“ Овој ученик е тој што го виде и го напиша ова. Ние знаеме дека тој ја кажа вистината. Исус направи уште многу други работи, но кога сите Негови дела би се запишале во книги, ми се чини дека ни во целиот свет не би ги собрало. Драги Теофиле, во мојата прва книга ти го опишав сето она што Исус го правеше и поучуваше од почетокот, па се до денот кога се вознесе на небото. Пред да се вознесе, им даде упатства на апостолите што ги беше одбрал во содејство со Светиот Дух. Во текот на четириесет дена, по Неговото распнување, Исус повеќепати се појавуваше пред Своите апостоли со што недвосмислено им докажа дека навистина е жив. Тогаш им зборуваше за Божјото царство. На една од тие средби, додека јадеа заедно, им ги даде следниве упатства: „Не заминувајте од Ерусалим се додека небесниот Татко не ви го прати Светиот Дух, Кој ви го вети. Јас уште отпорано ви го кажав тоа. Јован Крстител крштаваше во вода, но по неколку дена вие ќе бидете крстени во Светиот Дух.“ Додека апостолите беа со Исус, честопати Го прашуваа: „Господе, сега ли ќе го ослободиш Израел и ќе го возобновиш нашето царство?“ Тој им одговори: „Времето и датумите ги определува небесниот Татко и не сметал за потребно вам да ви ги кажува! Но штом Светиот Дух ќе слезе врз вас, вие ќе добиете сила и ќе им проповедате за Мене на луѓето во Ерусалим, во цела Јудеја, во Самарија, и се до крајот на Земјата.“ Откако им го рече ова, пред нивните очи Исус почна да се подига кон небото и тие Го гледаа се додека облак не Го скри од нивните погледи. Додека тие со вперени погледи кон небото гледаа како Тој заминува, пред нив се појавија двајца мажи облечени во бело, и им рекоа: „Галилејци, зошто стоите и зјапате во небото? Истиот Исус, Кој пред вашите очи се вознесе на небото, повторно ќе дојде, на истиот начин на кој и замина!“ Тогаш апостолите се вратија во Ерусалим. Ова се случуваше на ридот наречен Маслинова Гора. Тој рид е близу до Ерусалим, на оддалеченост помала од еден километар. Влегоа во градот и отидоа во горната соба на куќата каде што редовно престојуваа. Таму беа: Петар, Јован, Јаков, Андреј, Филип, Тома, Бартоломеј, Матеј, Јаков (синот на Алфеј), зилотот Симон и Јуда (синот на Јаков). Сите овие луѓе сложно и редовно се собираа и заедно се молеа. Со нив беа и: Марија (мајката на Исус), повеќе други жени и браќата на Исус. По неколку дена се собраа околу сто и дваесет Христови следбеници. Петар стана и им се обрати: „Драги пријатели христијани! Уште пред неколку столетија, Светиот Дух ја претскажа судбината на Јуда Искариот, преку зборовите искажани од царот Давид, запишани во Светото Писмо. Значи, тоа што се случи со Јуда, предводникот на оние што го уапсија Исуса, беше претскажано и мораше да се исполни, иако Јуда беше еден од нас и работеше заедно со нас.“ (Со парите што ги доби за предавството на Исус, Јуда си купи нива. Потоа таму се обеси, па падна сред неа, распукнувајќи се, при што целата утроба му се истури. За ова дознаа сите жители на Ерусалим, па таа нива ја нарекоа Акал-Д’ма, што на нивниот јазик значи ?Крвна нива‘.) „Во книгата на псалмите стои запишано: ,Домот да му се запусти, никој во него да не живее!‘ и ,Службата негова друг нека ја преземе!‘ Затоа треба да одбереме човек што ќе го замени Јуда. Тоа треба да биде некој што беше со нас во текот на целото време, откако Господ Исус дојде, па се додека си замина, некој што беше со нас откако Јован Крстител Го крсти Исуса, па се до денот кога Исус се вознесе на небото. Тој човек треба да биде и очевидец на воскреснатиот Исус, како што сме и ние.“ Тогаш предложија двајца: првиот беше Јосиф Барсаба, познат и како Јуст, а вториот беше Матија. Пред да го извршат изборот, се помолија вака: „Господе, ти знаеш што лежи во срцето на секој човек. Покажи ни кого си го одбрал од овие двајца да биде апостол наместо Јуда, кој не изневери и заврши таму каде што припаѓа.“ Потоа со ждрепка го одбраа Матија, кој им се приклучи на останатите единаесет апостоли. Кога дојде празникот Духовден, сите христијани се собраа на едно место. Тогаш ненадејно од небото се чу бучава како од силен виор. Бучавата ја исполни целата куќа каде што беа собрани. Се појавија одвоени јазици, како од оган, и се спуштија врз секој од нив. Сите се исполнија со Светиот Дух и почнаа да зборуваат на различни јазици, како што им даваше способност Светиот Дух. Во тоа време во Ерусалим престојуваа побожни Евреи дојдени од секој народ под небесниот свод. Кога ја слушнаа бучавата, мнозина дотрчаа да видат што се случува и се збунија, зашто секој ги слушаше христијаните како зборуваат на неговиот јазик! Сите се чудеа и збунето, велеа: „Како е можно ова? Зар сите овие луѓе што зборуваат не се од Галилеја? Како, тогаш, секој од нас го слуша јазикот од својот роден крај? Меѓу нас има Парќани, Мидијци и Еламијци, потоа луѓе што живеат во Месопотамија, во Јудеја, во Кападокија, во Понт и во Азија, во Фригија и во Памфилија, во Египет, во областите на Либија близу до Киренеја, како и гости од Рим (Евреи и прозелити), луѓе од Крит и Арапи, и сите ние ги слушаме како зборуваат на нашите јазици за прекрасните дела што ги извршил Бог!“ Зачудени и збунети, еден на друг си велеа: „Што ли значи ова?“ Други, пак, се потсмеваа и велеа: „Пијани се! Се изнапиле слатко вино!“ Тогаш стана Петар, заедно со другите единаесет апостоли, и гласно им се обрати на насобраните: „Луѓе, Евреи и сите други што живеете во Ерусалим! Ова треба да го знаете! Послушајте ме што ќе ви кажам: Овие луѓе не се пијани, како што некои од вас претпоставуваат, зашто одвај е девет часот наутро. Ова што се случи утрово е исполнување на она што беше претскажано преку пророкот Јоел: ,Во последните денови‘ - вели Бог,ќе излеам од Мојот Дух врз сите луѓе, па ќе пророкуваат синовите и ќерките ваши, момчињата ќе имаат виденија, а старците ќе сонуваат соништа. Во тие денови ќе излеам од Мојот Дух врз сите Мои слуги и слугинки, и тие ќе пророкуваат. Ќе правам чуда горе на небесата и видливи докази долу на Земјата - крв и оган и столбови од чад. Сонцето ќе поцрни, а Месечината ќе се вцрви како крв, пред да дојде тој голем и славен Господов ден. Тогаш секој што ќе го повика името Господово ќе биде спасен.‘ Израелци, слушнете ги овие зборови: Бог јавно го поддржа Исуса од Назарет, со тоа што преку Него изврши многу чуда, несекојдневни работи и чудотворни докази. Тоа и самите добро го знаете. Но се случи онака како што беше определено и предвидено од сезнајниот Бог: вие Го предадовте Исуса и со помош на еден паганин, Го распнавте на крст и Го убивте. Но Бог Го воскресна, ослободувајќи Го од смртта која очајнички настојуваше да Го задржи, но не можеше. За Него, Давид вели: ?Знам дека Господ е постојано со мене, Тој ми е оддесно - нема да потклекнам! Поради тоа срцето ми е весело, и душата ми се радува; а и телото во надеж ќе ми почива, зашто Ти во гробот нема да ме оставиш, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да доживее распаѓање. Ти ми го објави патот на животот, Твоето присуство ќе ме исполни со радост.‘ Луѓе, браќа, јасно е дека нашиот прататко Давид овде не зборува за себе, зашто тој умре, беше погребан и неговиот гроб е тука, меѓу нас, се до денешен ден. Но бидејќи беше пророк и знаеше дека Бог му се беше заколнал оти потомок од неговите бедра ќе седи на неговиот престол, претскажувајќи за тоа, тој зборуваше за воскреснувањето на Христос, Кој, ниту беше оставен во гробот, ниту Неговото тело доживеа распаѓање. Бог Го воскресна Исуса и сите ние сме сведоци за тоа. Откако беше вознесен и поставен од десната страна на Бог, и откако го прими Светиот Дух што Му беше ветен од небесниот Татко, Го излеа врз нас, како што вие сега гледате и слушате. Зашто, самиот Давид не се вознесе на небото, а сепак рече: “Му рече Јахве на мојот Господ: ,Седни на почесното место, од Мојата десна страна, додека не ги претворам Твоите непријатели во чергиче што ќе го газат стапалата Твои!‘“ Затоа нека знаат сите Израелци и нека бидат уверени дека Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Месија!“ Ова што го слушнаа до срце ги прободе, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?“ Петар им одговори: „Секој од вас треба да се покае за своите гревови, и да се крсти во името на Исус Христос, за да ви бидат простени гревовите. Потоа ќе ви биде подарен Светиот Дух, а со Него и духовни дарби. Ветувањето што Бог му го даде на Давид се однесува на вас, на вашите деца, како и на неевреите, и на сите што Господ, нашиот Бог, ќе ги повика.“ Со овие, и со многу други зборови Петар им проповедаше и ги повикуваше: „Спасете се од ова расипано поколение!“ Во тој ден околу три илјади души искрено ги прифатија неговите зборови, па се крстија и се приклучија кон христијаните. Тие се посветија на учење од апостолите, на заедничките собири, на редовно учество на Господовата вечера и на молитви. Кај народот се појави страв, зашто апостолите правеа многу чуда и видливи докази. Сите христијани се здружија и се што имаа им беше заедничко. Ги продаваа своите имоти и наследства и на секого му даваа според неговите потреби. Секој ден се собираа во храмот, сложни и посветени. Организираа Господова вечера по домовите и секој ја делеше својата храна со другите, радосно и со чисто срце. Го славеа Бога и беа омилени кај сите луѓе. А Господ секојдневно им придодаваше новоспасени души. Еден ден, Петар и Јован се упатија кон храмот. Беше три часот попладне - време за молитва. Токму тогаш донесоа еден човек, сакат во нозете од раѓање, што секојдневно го носеа и го оставаа пред познатата ?Красна порта‘, за да проси милостина од луѓето што доаѓаа во храмот. Кога виде дека Петар и Јован ќе влегуваат во храмот, запроси да му дадат нешто. Петар и Јован го погледнаа и му рекоа: „Погледни не!“ Сакатиот молежливо ги гледаше, очекувајќи милостина. Тогаш Петар му рече: „Немам ни сребреници, ни златници, но тоа што го имам, ти го давам: Во името на Исус Христос од Назарет, стани и ќе проодиш!“ Потоа го фати за десната рака и го исправи. Во истиот миг му зацврснаа стапалата и глуждовите! Скокна, застана на своите нозе и почна да оди! Заедно со нив влезе во храмот, скокајќи и славејќи Го Бога. Целиот народ го виде како оди и Го слави Бога. Тие знаеја дека тоа беше истиот човек што седеше и просеше пред Красната порта на храмот и од восхит не можеа да се изначудат на она што се случи. Сиот народ се насобра околу нив, под Соломоновиот трем. Човекот не се одвојуваше од Петар и Јован. Луѓето стоеја, стаписани од тоа што се случи. Кога Петар виде дека луѓето се чудат, им рече: „Луѓе, Израелци, зошто се чудите на ова? Зошто зјапате во нас, небаре ние со своја сила или побожност направивме овој човек да прооди!? Преку ова дело, Богот на Авраам, на Исак, на Јаков и на сите наши предци, Го прослави Својот Слуга Исус. Вие Го предадовте и се откажавте од Него пред Пилат, кога тој беше решил да Го ослободи. Се откажавте од Светиот и Праведниот, а побаравте да биде пуштен на слобода еден убиец! Зачетникот на животот Го убивте! Но Бог Го воскресна од мртвите - ние сме живи сведоци за тоа. Овој човек, кого вие добро го познавате, се исцели врз основа на верата во Неговото име. Верата во Исусовото име го оздраве пред вашите очи. Браќа, знам дека вие и вашите водачи го направивте тоа од незнаење, но Бог на тој начин го исполни она што го беше претскажал преку сите пророци: дека Месијата испратен од Него ќе мора да помине низ овие страдања. Затоа покајте се и свртете се кон Бога, за да ви бидат избришани гревовите. Тогаш, присуството на Господ во вашите животи ќе ви донесе освежување и Бог ќе ви Го испрати Месијата Исус, Кој од порано ви беше претскажан. Исус треба да остане на небото, се додека не дојде време Бог да обнови се, како што ни вети уште одамна преку Своите свети пророци. Уште Мојсеј беше претскажал: ,Господ, вашиот Бог, ќе ви издигне од вашиот народ Пророк, како што сум јас. Се што ќе ви каже Тој - слушајте Го! Секој што нема да Го послуша Тој Пророк, ќе биде истребен од Божјиот народ.‘ А и сите пророци, од Самоил и неговите наследници, па наваму, зборуваа токму за ова време. Вие сте потомци на пророците, вие сте тие за кои Бог на вашите предци им даде завет, ветувајќи му на Авраам: ,Преку твоето потомство ќе бидат благословени сите народи на Земјата.‘ Штом Бог Го издигна Својот Слуга, Го испрати прво кај нас, за да ве благослови со тоа што секого од вас ќе го одврати од вашите грешни патишта.“ Додека Петар и Јован уште му зборуваа на народот, им пријдоа неколку свештеници, заповедникот на гардата во ерусалимскиот храм и неколку садукеи. Тие беа многу вознемирени поради тоа што апостолите го учеа народот и, повикувајќи се на воскреснатиот Исус, тврдеа дека постои воскресение на мртвите. Ги фатија и ги фрлија в затвор до следниот ден, зашто веќе беше вечер. Мнозина од оние што ја слушнаа проповедта на апостолите поверуваа, па бројот на христијаните се зголеми на околу пет илјади, сметајќи ги тука само возрасните мажи. Утредента се состана Народниот совет составен од сите управници, старешини и вероучители во Ерусалим. Дојде Првосвештеникот Анан, дојдоа и Кајафа, Јован, Александар, како и сите други роднини на Првосвештеникот. Ги доведоа Јован и Петар, ги поставија на средината, па почнаа да ги испрашуваат: „Кој ви даде право, кој ве овласти да го правите ова?“ Исполнет со Светиот Дух, Петар им рече: „Управници и старешини на народот! Ако денес не испрашувате за доброто дело спрема сакатиот човек, ако сакате да дознаете како беше исцелен, тогаш, знајте и вие и сиот израелски народ, дека човекот пред ваши очи застана на свои нозе во името на Исус Христос од Назарет, Кого вие Го распнавте, а Бог Го воскресна од мртвите! Исус е Тој за Кого во Светото писмо пишува: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија стана Камен-темелник.‘ Под целиот небесен свод има само едно име на кое луѓето можат да се повикаат за да се спасат, а тоа е Исус Христос!“ Членовите на Народниот совет се зачудија кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, зашто беше очигледно дека тие се обични, необразовани луѓе. А ги препознаа дека тие луѓе беа со Исус. Но човекот што беше исцелен стоеше тука, пред нив, и тие немаа што да приговорат. Тогаш им наредија на Петар и Јован да излезат надвор од собранието, а тие почнаа да се советуваат: „Што да правиме со овие луѓе? Големо чудо се случи преку нив и тоа на сите во Ерусалим им е познато. Тоа не можеме да го порекнеме. Но можеби можеме да ги запреме да го шират тоа учење меѓу народот. Да им забраниме никому повеќе да не му зборуваат за Исус!“ Ги повикаа апостолите внатре и им наредија ништо да не зборуваат за Исус, ниту да поучуваат во Негово име. Но Петар и Јован им одговорија: „Самите проценете, дали Бог ќе се согласи повеќе да ве слушаме вас отколку Него!? Не можеме да молчиме за она што го видовме и чувме!“ Членовите на Народниот совет им се заканија, но сепак ги ослободија. Не можеа да најдат ништо за што би можеле да ги казнат. А се плашеа дека и народот ќе крене бунт, зашто сите Го славеа Бога за чудото што се случи: беше исцелен човек што повеќе од четириесет години бил сакат во нозете! Веднаш штом беа ослободени, Петар и Јован се вратија меѓу своите пријатели христијани и им кажаа за се што им рекоа свештеничките поглавари и старешините. Кога го чуја тоа, сите сложно повикаа кон Бог и рекоа: „Семоќен Господару, Создателе на небото и Земјата, на морињата и на сите суштества во нив! Ти, преку Светиот Дух, го поттикна нашиот прататко Давид да ги искаже следниве стихови: ,Зошто беснеат паганските народи, луѓето коваат залудни завери? Цареви по Земјата се креваат и владетели се здружуваат, против Господ и против Неговиот Помазаник.‘ Токму тоа се случи овде, во овој град: царот Ирод Антипа, гувернерот Понтиј Пилат, пагани и Израелци, се здружија против Исус, Твојот свет Слуга, Кого Ти Го определи за Месија. Но се што сторија тие претставува исполнување на она што го определија Твојата рака и Твојата мудрост. Ги гледаш сега, Господе, нивните закани! Дај им на Своите слуги смелост да ја проповедаат Твојата порака! Испружи ја раката Твоја за да исцелуваш, да даваш видливи докази, чуда да се случуваат во името на Твојот свет Слуга Исус!“ Штом се помолија, местото на кое беа собрани се затресе и сите се исполнија со Светиот Дух, па со смелост продолжија да ја проповедаат Божјата порака. Сите што поверуваа беа толку сплотени и еднодушни, што никој од нив не зборуваше за својот имот како за лична сопственост, туку се им беше заедничко. Апостолите со голема смелост сведочеа за воскресението на Господ Исус, и Бог спрема сите нив беше многу благонаклонет. Меѓу нив немаше сиромаси, зашто оние што имаа ниви и куќи ги продаваа и парите од продаденото им ги даваа на апостолите, а тие на секого му делеа според неговите потреби. На пример, Јосиф, кого апостолите го нарекоа Барнаба, односно ?Утешител‘ кој беше од племето на Левиј, а родум од Кипар, имаше нива, и откако ја продаде, ги донесе парите и им ги предаде на апостолите. А еден друг човек, по име Ананиј, во договор со својата жена Шапира исто така продаде една од своите ниви но само дел од парите им донесе на апостолите, тврдејќи дека тоа се сите пари. За сето ова знаеше и неговата жена. Тогаш Петар му рече: „Ананиј, зошто дозволи Сатаната да ти го исполни срцето, да Го излажеш Светиот Дух и да прикриеш дел од парите што ги доби за нивата? Нивата беше твоја. Твоја работа беше дали ќе ја продадеш или не. И кога ја продаде, парите беа твои. Зошто се реши на измама? Ти се обиде да Го измамиш Бога, а не луѓето!“ Кога Ананиј ги слушна овие зборови, падна и умре! Сите што слушнаа за ова многу се исплашија. Неколку момчиња станаа, го завиткаа во платно, го изнесоа и го погребаа. По околу три часа, дојде неговата жена и влезе, не знаејќи што се случи. Петар ја праша: „Кажи ми, за толку пари ли беше продадена нивата?“ “Да, за толку“ - рече таа. Петар и рече: „Зошто се договоривте да го ставате на проверка Духот Господов? Еве ги пред врата момчињата што отидоа да го погребат твојот маж, па и тебе мртва ќе те изнесат!“ И таа веднаш падна пред неговите нозе и умре. Кога влегоа момчињата, ја најдоа и неа мртва, па ја изнесоа и ја погребаа крај нејзиниот маж. Голем страв ја зафати целата црква и сите што слушнаа за ова. Преку рацете на апостолите беа покажувани многу видливи докази и чуда сред народот. Тие редовно се состануваа во храмот, под Соломоновиот трем, и сите беа сложни. Иако луѓето многу ги почитуваа, никој не се осмелуваше да им се придружи во храмот. Од друга страна, се умножуваше бројот на луѓето што веруваа во Господ, голем број мажи и жени. Луѓето изнесуваа на улиците болни, положени на носила и постели, со надеж дека барем сенката на апостол Петар ќе падне на некој од нив и ќе ги исцели. Се собираа многу луѓе и од градовите околу Ерусалим. Носеа болни и обземени од демонски духови, и сите беа исцелувани. Тогаш Првосвештеникот и неговите пријатели, садукеите, се исполнија со завист, па ги уапсија апостолите и ги фрлија в затвор. Но уште истата вечер ангел Господов ги отвори вратите на затворот и ги ослободи, велејќи им: „Одете, застанете во храмот и проповедајте им ја на луѓето оваа порака што е од животна важност!“ Апостолите го послушаа и уште на разденување влегоа во храмот и ги поучуваа присутните. Но испратените од гардата на храмот не ги најдоа апостолите во затворот, па се вратија и им рекоа: „Затворот беше заклучен, со целото обезбедување и стража пред вратата, но кога влеговме внатре никого не најдовме!“ Кога го слушнаа ова, заповедникот на гардата во храмот и Првосвештеникот се збунија и се прашуваа, што треба да значи тоа!? Тогаш дојде еден човек и им рече: „Оние што ги фрливте в затвор сега се во храмот и го поучуваат народот!“ Штом го чу ова заповедникот на гардата на храмот, со своите слуги, отиде и ги доведе апостолите, без да употреби сила, зашто се плашеше да не биде каменуван од народот. Потоа ги изведоа пред Врховното собрание и Првосвештеникот почна да ги испрашува: „Јас најстрого ви забранив да зборувате за Исус, а вие го исполнивте Ерусалим со вашето учење и сте решиле врз нас да ја префрлите вината за смртта на Тој Човек!“ Петар и другите апостоли му одговорија: „Треба да Му се покоруваме првенствено на Бог, а потоа и на луѓето што ни се претпоставени. Вие Го убивте Исуса, Го распнавте на крст, но Богот на нашите татковци Го воскресна, Го воздигна како наш Водач и Спасител, па Го постави на почесното место - од Својата десна страна, за да им даде можност на Израелците да се покаат и Бог да им ги прости гревовите. За овие настани сведоци сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние што Му се послушни.“ Кога членовите на Врховното собрание го слушнаа ова, збеснаа и решија да ги убијат Христовите апостоли! Но стана еден фарисеј по име Гамалиел, вероучител почитуван од целиот народ. Им нареди на апостолите да излезат за кратко. Потоа му се обрати на собранието: „Луѓе Израелци, размислете добро што ќе сторите со овие луѓе! Пред извесно време се беше кренал Тода, Кој за себе тврдеше дека е голем човек. Му се приклучија околу четиристотини луѓе. Тој беше убиен, а сите негови следбеници се распрснаа и исчезнаа. По него, за време на пописот, се појави галилеецот Јуда и привлече многу народ по себе. И тој загина, па сите негови следбеници се разбегаа. И за овој случај ве советувам: Оставете ги овие луѓе, пуштете ги, зашто ако целото ова движење и учење се од луѓе - ќе исчезнат, но ако се од Бога не можете да ги уништите. Внимавајте да не се впуштите во судир со Бог!“ Собранието го прифати неговиот совет. Ги викнаа апостолите, ги натепаа и им забранија никогаш повеќе да не зборуваат за Исус. Потоа ги пуштија. Апостолите си заминаа од собранието, радосни што Бог ги удостои да страдаат поради верност спрема името на Исус. Потоа, секој ден, во храмот и по куќите, непрестајно го поучуваа народот и проповедаа дека Исус е долгоочекуваниот Месија. Во тоа време, откако бројот на христијаните се зголеми, Елините се побунија против Евреите, зашто нивните вдовици беа занемарувани при секојдневното делење на храна. Тогаш дванаесетте апостоли ги свикаа сите христијани и им рекоа: „Не е добро ние, апостолите, да го запоставуваме проповедањето на Божјата порака и да служиме околу трпезите. Затоа, браќа, одберете меѓу себе седуммина чесни мажи, со добар углед, исполнети со Светиот Дух и со мудрост, на кои ќе им го предадеме ова задолжение, а ние целосно ќе се посветиме на молитва и на проповедање на Божјата порака.“ Ова им се допадна на присутните и ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и со Светиот Дух, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Никола, новообратен прозелит од Антиохија. Ги доведоа пред апостолите, кои со положени раце над нив се помолија за нив. Божјата порака се пошироко се прифаќаше и бројот на христијаните во Ерусалим бргу се зголемуваше, па и голем број еврејски свештеници ја прифаќаа христијанската вера. Бог беше благонаклонет спрема Стефан и му даде сила, па тој правеше големи чуда и изнесуваше докази меѓу луѓето. Но еден ден, неколку припадници на синагогата наречена ?Синагога на ослободените‘ почнаа да се расправаат со него. Тие беа Евреи од Киринеја, Александрија, Киликија и од областа Азија. Не можејќи да им се противстават на мудроста и на Духот со кои Стефан зборуваше, тие тајно наговорија неколку луѓе лажно да го обвинат, велејќи: „Го слушнавме како зборува многу навредливи работи против Мојсеј и против Бог!“ Така успеаја да ги кренат на нозе народот, старешините и вероучителите, кои дојдоа кај Стефан, го фатија и го изведоа пред Врховното собрание. Истапија лажните сведоци и рекоа: „Овој човек не престанува да зборува против овој храм и против Мојсеевиот Закон. Го слушнавме како зборува дека Исус од Назарет ќе го уништи храмот и ќе ги измени обичаите што ни се предадени од Мојсеј.“ Тогаш сите што седеа во собранието се загледаа во Стефан, забележувајќи дека лицето му стана како лице на ангел. Тогаш Првосвештеникот го праша Стефана: „Точни ли се исказите против тебе?“ Стефан одговори: „Луѓе, браќа и татковци, ислушајте ме. Нашиот славен Бог му се јави на нашиот предок Авраам, додека тој се уште беше во Месопотамија, пред да се насели во Харан, и му рече: ,Напушти ја оваа земја, напушти ги твоите роднини и појди во земјата што Јас ќе ти ја покажам.‘ Тогаш Авраам ја напушти земјата на Халдејците и се насели во Харан. По смртта на неговиот татко се пресели во оваа земја во која сега ние живееме. Бог не му даде наследство ниту една педа земја, но, уште пред да има деца, му вети дека на неговите потомци ќе им ја даде во наследство целата земја. Му рече дека неговите потомци ќе бидат доселеници во туѓа земја, каде што ќе ги претворат во робови и ќе ги измачуваат четиристотини години. ,Но на народот на кој ќе му робуваат, Јас ќе му судам!‘ - рече Бог. ,Кога ќе излезат оттаму, ослободени, ќе Ми служат на ова место.‘ Потоа му го заповеда на Авраам заветот за обрежувањето. Авраам доби син - Исак, и го обрежа кога наполни осум дена. Потоа и Исак доби син - Јаков. Јаков е таткото на дванаесетте родоначалници на еврејскиот народ. Синовите на Јаков му љубомореа на својот брат Јосиф и го продадоа како роб во Египет, но Бог беше со него и го избави од сите неволи што го снајдоа. Бог му беше благонаклонет и му даде мудрост, па фараонот, царот на Египет, го постави за управител над целата земја и над целиот свој дом. Тогаш Египет и Канаан ги погоди глад, па нашите прадедовци се најдоа на голема мака, не можејќи да набават храна. Кога Јаков слушна дека во Египет има жито, ги испрати таму своите синови. Тоа беше нивната прва посета. Кога и по вторпат отидоа во Египет, Јосиф им се откри на своите браќа. Така фараонот го запозна неговото семејство. Потоа Јосиф испрати да го повикаат неговиот татко Јаков и сите негови роднини, седумдесет и петмина на број. Така Јаков се досели во Египет. Таму умреа и тој и нашите прадедовци. Подоцна, коските им беа пренесени во Шехем, каде што беа погребани во гробницата што Авраам со сребро ја беше купил од синовите на Хамор. Како што се приближуваше времето Бог да го исполни ветувањето што му го даде на Авраам, нашиот народ во Египет се зголемуваше и намножуваше. Но со Египет веќе владееше друг цар, кој не знаеше за Јосиф. Тој скова заговор против нашиот народ, ги мачеше нашите предци и ги принудуваше да си ги напуштаат новороденчињата, за да не останат живи. Во тоа време се роди Мојсеј, кој му беше мил на Бог. Три месеци беше одгледуван во домот на својот татко, а потоа мораа да го остават, но го зеде ќерката на фараонот и го одгледа како свој син. Така Мојсеј се запозна со целата мудрост на Египќаните и се стекна со големо теоретско и практично знаење. Кога наполни четириесет години, му се роди во срцето желба да ги посети своите сонародници, Израелците. Во текот на таа посета виде дека еден Египќанец насилно постапува со еден Евреин. Мојсеј го заштити Евреинот и во одмазда го уби Египќанецот. Тој мислеше дека неговите сонародници ќе сфатат оти Бог, преку неговата рака, им праќа ослободување, но тие не сфатија. Утредента виде како двајца Израелци се тепаат и се обиде да ги смири, велејќи им: ,Луѓе, вие сте припадници на ист народ! Зошто се повредувате еден со друг?‘ Но виновникот за тепачката го турна и му рече: ,Кој те поставил тебе да ни бидеш владетел и судија!? Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што вчера го уби Египќанецот!?‘ Кога Мојсеј го слушна ова, побегна во Мидијамската земја, каде што живееше како доселеник. Таму му се родија два сина. Откако поминаа четириесет години, во пустината, близу до планината Синај, му се појави ангел во пламенот на една запалена грмушка. Кога Мојсеј го виде ова, се зачуди и појде таму за да види одблизу. Тогаш го чу гласот Господов кој му рече: ,Јас сум Богот на твоите татковци: Богот на Авраам, на Исак и на Јаков!‘ Мојсеј се стресе од страв и не се осмели да погледне. Потоа Господ му рече: ,Собуј ги сандалите, зашто стоиш на свето место! Видов како Мојот народ е измачуван во Египет и стенкањето негово го чув. Еве, доаѓам да го ослободам. Сега, оди во Египет, како Мој пратеник!‘ Оној Мојсеј, кого луѓето го отфрлија, велејќи му: ,Кој те поставил да ни бидеш владетел и судија!?‘ - Бог го испрати преку ангелот што му се појави во запалената грмушка, да им биде водач и ослободител. Правејќи многу чуда и видливи докази, тој ги изведе од Египет, ги преведе преку Црвеното Море и ги водеше низ пустината цели четириесет години. Самиот Мојсеј му рече на израелскиот народ: ,Бог ќе ви издигне Пророк од вашите редови, како што сум јас.‘ Тој беше заедно со целиот Божји народ во пустината. Посредуваше меѓу ангелот што му зборуваше на планината Синај и нашите татковци. Притоа, тој прими зборови од животно значење и ни ги пренесе нам. Но нашите предци не го послушаа, туку го отфрлија и посакаа да се вратат во Египет, по кој им беа прираснале срцата. Му рекоа на Арон: ,Направи ни богови што ќе не водат, зашто не знаеме што се случи со Мојсеј, кој не изведе од Египет.‘ Така си направија од злато идол во форма на теле и му принесоа жртва, восхитени од својата ракотворба. Тогаш Бог им сврте грб и ги остави да им служат на Сонцето, Месечината и ѕвездите, како да им се богови, токму онака како што е запишано во книгата на пророците: ,Народе израелски! Дали Мене Ми принесувавте жртви и приноси додека патувавте низ пустината, цели четириесет години, доме Израелов? Не, туку си направивте идоли, за да им се поклонувате: Со себе ги носевте шаторот - светилиште посветено на богот Молех и ѕвездата на богот Реифан! Затоа ќе ве предадам во ропство, и ќе ве одведат во далечниот Вавилон!‘ Додека патуваа низ пустината, нашите предци го носеа заветниот шатор. Така им заповеда Бог. Тој му рече на Мојсеј да го направи според моделот што му го беше покажал‘ Многу години подоцна, под водство на Јошуа го донесоа во земјата што ја одзедоа од паганските народи, кои Бог ги истера пред нив. Таму остана се до времето на царот Давид. Бог му беше благонаклонет на Давид и затоа Давид се осмели да побара од Бог дозвола да најде место каде што ќе изгради храм во кој Израелците ќе Му служат на својот Бог. Сепак, Божјиот храм го изгради Соломон. Но Севишниот не живее во градби направени од човечка рака. Како што самиот Бог вели преку пророкот Исаија: ,Небото Ми е престол, а Земјата - подножје на Моите нозе. Каков дом ќе Ми направите вие?‘ - вели Господ - ,Какво место ќе Ми најдете за Мое живеалиште? Зарем не е се со Мојата рака создадено?‘ Вие сте тврдоглав народ! Длабоко во себе вие сте како паганите! Глуви сте за вистината! И вие, како и вашите предци, постојано Му се противите на Светиот Дух. Посочете ми еден пророк што не беше прогонуван од вашите предци! Тие ги убија пророците што го претскажаа доаѓањето на Праведникот, на Месијата, а кога Тој дојде, вие се свртевте против Него, Го предадовте и Го убивте. Ангели ви го пренесоа Божјиот Закон и пак не го почитувате!“ Кога еврејските верски и национални водачи го слушнаа ова, зовреа од бес и почнаа да крцкаат со забите против Стефан. А тој, исполнет со Светиот Дух, и со вперен поглед кон небото каде што ја виде Божјата слава, и Го виде Исуса како стои од десната страна на Бог, рече: „Погледнете, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бог!“ Тогаш Евреите си ги затнаа ушите, и со силна викотница се нафрлија врз Стефан. Го извлекоа надвор од градот и го каменуваа. Оние што сведочеа против Стефан ги соблекоа своите горни облеки и ги оставија кај едно момче по име Савле, да им ги причува. Додека го каменуваа, Стефан гласно му се молеше на Бог, велејќи: „Господе Исусе, прими го мојот дух.“ Потоа падна на колена и силно извика: „Господе, не земај им го ова за грев!“ Го рече ова и почина. Савле го одобруваше убиството на Стефан. Од тој ден почна големо прогонство против Црквата во Ерусалим, па сите христијани, со исклучок на апостолите, се раштркаа по јудејските области и по Самарија. Неколку побожни луѓе го погребаа Стефан, оплакувајќи го на сиот глас. Савле почна да ја уништува Црквата дом по дом. Влегуваше, ги извлекуваше и мажите и жените, и ги испраќаше в затвор. Христијаните што се раштркаа поради прогонствата, одеа од место во место и ја проповедаа Радосната вест за Христос. Филип, на пример, отиде во градот Самарија и на тамошните жители им проповедаше за Христос. Сиот народ многу внимателно го слушаше она што Филип им го зборуваше и ги гледаше чудата што тој ги правеше. Многу демонски духови со силен викот излегуваа од обземените и многу парализирани и сакати беа исцелени. Во градот завладеа голема радост. Имаше таму и еден човек по име Симон. Тој порано правеше магии и ги восхитуваше луѓето, тврдејќи за себе дека е голем човек. Него го слушаа сите, од мало до големо, велејќи: „Овој човек е сила Божја - ,Голема сила‘.“ Тие го слушаа бидејќи долго време ги восхитуваше со магии и трикови. Но кога поверуваа во она што го зборуваше Филип, кој им проповедаше за Божјото царство и за Исус Христос, сите се крштаваа, и мажи и жени. Дури и Симон поверува, и се крсти. Му се придружи на Филип и се восхитуваше од чудата и од видливите докази што Филип ги правеше. Кога слушнаа апостолите во Ерусалим дека народот во Самарија ја прифатил Божјата порака, ги испратија кај нив Петар и Јован. Кога пристигнаа тие, се помолија за овие нови христијани да Го примат Светиот Дух, бидејќи Тој се уште не беше слегол над ниту еден од нив, туку тие само беа крстени во името на Господ Исус. Тогаш Петар и Јован се помолија, положувајќи ги рацете врз нив, и тие Го примија Светиот Дух. Кога Симон виде дека Светиот Дух им беше даден преку ракополагање од страна на апостолите, им понуди пари и им рече: „Дајте ми ја и мене оваа моќ, та врз кого ќе положам раце, да Го прими Светиот Дух!“ Но Петар му одговори: „Одете во неврат и ти и твоите пари, штом мислиш дека Божјиот дар може да се купи за пари! Нема за тебе место, ти не можеш да учествуваш во оваа работа, зашто се покажа дека твоето срце не е праведно пред Бог! Затоа покај се што помисли таква зла работа и помоли Му се на Бог. Можеби ќе ти ја прости оваа нечесна намера, зашто гледам дека си полн со горчина и окован во стегите на гревот.“ Тогаш Симон извика: „Молете Му се на Господ за мене, за да не ме снајде ништо од она што го спомнавте!“ Откако Петар и Јован сведочеа и проповедаа за Господ, се вратија во Ерусалим. Патем ја проповедаа Радосната вест по многу села во Самарија низ кои поминуваа. Потоа ангел Господов му рече на Филип: „Стани и оди на југ, по пустинскиот пат што се спушта од Ерусалим кон Газа!“ Филип веднаш замина. По пат сретна еден Етиопјанец, евнух, виден службеник кој раководел со целата ризница во дворецот на етиопската царица Кандакија. Тој бил на поклонение во Ерусалим, па сега се враќаше во Етиопија. Седеше во својата кола и ја читаше книгата на пророкот Исаија. Светиот Дух му рече на Филип: „Приближи се до колата и придружи му се на Етиопјанецот.“ Филип го стаса и кога слушна како го чита пророкот Исаија, го праша: „Го разбираш ли ова што го читаш?“ „Како би можел да го разберам, ако некој не ми го објасни?“ - одговори Етиопјанецот, па го покани да седне до него. Тој го читаше следниов дел од Светото Писмо: “Беше одведен како овца на клање, молчеше како јагне на стрижење. Уста не отвори, иако беше понижен и лишен од правда, кога му судеа. Кој ќе ја сфати неговата генерација која го лиши од живот на овој свет!?“ Потоа евнухот го праша Филипа: „За кого го кажува ова пророкот: за себе или за некоја друга личност?“ Тогаш Филип, почнувајќи од тоа место во Светото Писмо, му проповедаше за Исус. Патувајќи така, дојдоа до една вода и евнухот рече: „Еве вода! Што ме спречува да се крстам!?“ (Филип рече: ,Ако веруваш со сето свое срце, можеш.‘ Евнухот одговори: ,Верувам дека Исус Христос е Божји Син.‘) Тогаш евнухот нареди колата да застане, па двајцата слегоа во водата и Филип го крсти. Кога излегоа од водата, Духот Господов го грабна Филипа и евнухот веќе не го виде. Потоа радосен си го продолжи патот. А Филип се појави во градот Азот. Минувајќи низ тие предели, ја проповедаше Радосната вест низ сите градови, се додека не стигна до Цезареја. Во меѓувреме Савле, со секој свој здив, претставуваше смртна закана за Господовите следбеници. Толку беше ревносен во неговата решеност да ги истреби, што отиде кај Првосвештеникот и измоли од него да напише писма до синагогите во Дамаск, во кои Првосвештеникот ќе бара од нив да соработуваат со Савле во апсењето на сите следбеници на Патот што ќе ги најде таму. Савле сакаше да ги доведе во Ерусалим сите христијани, и мажи и жени, оковани во син?ири. Кога се приближи до Дамаск, ненадејно блесна во него силна светлина од небото! Тој падна на земјата и слушна глас, како му се обраќа: „Савле, Савле! Зошто Ме прогонуваш?“ „Кој сте Вие, господине?“ - праша Савле. Господ му одговори: „Јас сум Исус, Кого ти Го прогонуваш! Стани и влези во градот; таму ќе ти биде кажано што треба да правиш!“ Луѓето што патуваа со него стоеја занемени, зашто слушнаа глас, а не видоа никого. Савле стана од земјата, ги отвори очите, но ништо не гледаше. Водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск. Три дена не можеше да гледа, и ниту јадеше, ниту пиеше. А во Дамаск имаше еден христијанин по име Ананија. Нему Господ му се јави во видение и му рече: „Ананија!“, а тој му одговори: „Еве ме, Господе!“ Господ му рече: „Стани, оди на улицата наречена ,Права‘, во куќата на Јуда. Таму има еден човек од градот Тарс, по име Савле. Ќе го најдеш како се моли. Преку видение му покажав еден човек, по име Ананија, како доаѓа да ги положи врз него рацете, за тој повторно да прогледа!“ Ананија одговори: „Господе, многу сум слушал за тој човек, колку многу зла им има направено на Твоите следбеници во Ерусалим! Тој има овластување дадено од Првосвештеникот да го уапси секој што го повикува Твоето име!“ Но Господ му рече: „Оди храбро, зашто Јас сум го избрал Савле да им проповеда за Мене на нееврејските народи, на нивните цареви како и на Израелците. А јас ќе му покажам колку ќе мора да пропати поради проповедање на Моето име.“ Ананија отиде и влезе во посочената куќа. Ги положи рацете врз Савле и рече: „Брате Савле, ме испрати Господ Исус, Оној што ти се јави на патот по кој доаѓаше, за повторно да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“ Од очите на Савле веднаш падна нешто како лушпа и тој повторно прогледа. Потоа стана и беше крстен. Откако се најаде, му се врати силата. Савле остана неколку дена со христијаните во Дамаск. Веднаш почна во синагогите да проповеда дека Исус е Божјиот Син. Сите што го слушаа беа вчудовидени и велеа: „Не ли е овој истиот човек што во Ерусалим ги убиваше следбениците на Исус? Зар не дојде и овде со истата цел: да ги уапси Исусовите следбеници и во пранги да ги одведе кај Првосвештениците?“ Но Савле толку уверливо докажуваше дека Исус е Месијата, што Евреите кои беа во Дамаск беа целосно збунети и не можеа да му се противстават. По долго време, Евреите сковаа заговор да го убијат, но на Савле му беше јавено дека Евреите стражарат покрај градските порти и дење и ноќе, за да го фатат и да го убијат. Затоа христијаните во текот на ноќта го префрлија преку ѕидините, спуштајќи го во кош. Од Дамаск, Савле отпатува за Ерусалим, каде што се обиде да се поврзе со тамошните христијани, но тие се плашеа од него и не веруваа дека и тој навистина станал христијанин. Тогаш Барнаба го доведе кај апостолите и им раскажа како Савле на патот се сретнал со Господ и зборувал со Него, па како во Дамаск смело проповедал за Исус. Тогаш апостолите го прифатија. Савле остана извесно време со нив, движејќи се во Ерусалим и околината, смело проповедајќи за Господ. Се расправаше и со некои елинизирани Евреи, но тие се обидуваа да го убијат. Кога дознаа за ова, христијаните го одведоа во Цезареја, и оттаму го испратија за Тарс. Тогаш низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија, за Црквата настапи период на мир и растеж. Живеејќи со страхопочит спрема Господ и имајќи поткрепа од Светиот Дух, бројот на христијаните постојано се зголемуваше. Посетувајќи ги христијаните, апостол Петар патуваше од место во место. Така пристигна и кај следбениците на Господ што живееја во градот Лида. Таму сретна еден човек по име Енеј, кој осум години лежел парализиран. Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува! Стани и намести си ја постелата!“ И тој веднаш стана! Сите што живееја во Лида и Шарон го видоа ова и се обратија кон Господ. А во градот Јопа имаше една христијанка по име Тавита, што во превод значи ,Срна‘. Таа имаше направено многу добри дела и имаше раздавано многу милостина. Во тоа време се разболе и умре. Ја избањаа и ја положија во една соба на горниот кат. Лида е близу до Јопа и кога христијаните од Јопа разбраа дека Петар е во Лида, испратија двајца луѓе да го викнат веднаш да дојде кај нив. Петар веднаш стана и тргна со нив кон Јопа. Кога пристигнаа, го одведоа во горната соба. Собата беше полна со вдовици кои веднаш се собраа околу Петар и плачејќи му ги покажуваа кошулите и другите облеки што ги изработувала Тавита додека била жива. Петар ги замоли сите да излезат надвор. Потоа клекна на колена, се помоли, се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ Таа ги отвори очите и кога го виде Петар седна. Тој и подаде рака, и и помогна да стане. Потоа ги викна христијаните и вдовиците и им ја покажа жива. Тоа се расчу низ целиот град Јопа, и многумина поверуваа во Господ. А Петар остана подолго време во Јопа. Живееше кај еден човек по име Симон, кој беше кожар. Во градот Цезареја имаше еден римски офицер по име Корнелиј. Тој беше командир на Италијанскиот полк. Беше побожен човек и имаше страхопочит спрема Бог, заедно со сите што живееја во неговиот дом. Делеше многу милостина и постојано Му се молеше на Бог. Еден ден, околу три часот попладне имаше видение: еден Божји ангел дојде кај него и му рече: „Корнелиј!“ Ѕурејќи исплашено во него, Корнелиј одговори: „Молам, господине?“ Ангелот му рече: „Бог ги слушна твоите молитви, а и милостината што ја даваш, не остана незабележана. Испрати сега неколку луѓе во Јопа да го доведат човекот по име Симон, кого уште го викаат и Петар! Тој престојува кај кожарот Симон, чија куќа е крај морето.“ Кажувајќи му го ова, ангелот си замина. Корнелиј викна двајца слуги и еден од своите потчинети војници, кој исто така беше побожен човек. Им објасни што се случи и ги испрати во Јопа. Утредента, околу пладне, додека гласниците на Корнелиј патуваа и се приближуваа накај градот, Петар се качи на рамниот покрив за да се моли. Кога огладне, посака нешто да јаде. Додека му го подготвуваа јадењето, тој падна во занес и виде како се отвора небото, и како кон земјата се спушта нешто како големо, ленено платно, врзано на четирите ќошиња, а во него имаше секаков вид четириножни животни, влечуги и птици. Тогаш слушна глас: „Петре! Стани, коли и јади!“ „Никако Господе! Јас никогаш досега не сум јадел нешто што е забрането да се јаде според еврејските закони!“ - одговори Петар. Гласот уште еднаш му се јави: „Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го исчистил!“ Ова се повтори трипати, а потоа платното беше кренато на небото. Петар беше збунет и се прашуваше што може да значи ова видение. Тогаш ги виде луѓето испратени од Корнелиј, кои, прашувајќи, дојдоа до куќата на Симон и стоеја пред портата, прашувајќи дали тука престојува Симон, наречен Петар. Додека Петар уште размислуваше за видението што го имаше, Светиот Дух му рече: „Те бараат тројца мажи. Стани и појди со нив, без да се двоумиш, зашто Јас ги испратив.“ Петар слезе кај луѓето и им рече: „Јас сум човекот што го барате. За што сте дојдени?“ Тие му одговорија: „Не испрати офицерот Корнелиј. Тој е праведен човек и има страхопочит спрема Бог. За него сите Евреи имаат добро мислење. Тој доби наредба од светиот ангел да те повика во својот дом и да слушне од тебе што имаш да му кажеш.“ Потоа Петар ги покани да влезат и ги прими како гости. Утредента, замина со нив, во придружба на неколку христијани од Јопа. Следниот ден стигнаа во Цезареја. Таму го чекаше Корнелиј, кој ги беше викнал своите роднини и блиски пријатели. Кога Петар влегуваше, Корнелиј клекна пред него, искажувајќи му така длабока почит. Петар го крена и му рече: „Стани! И јас сум само човек, како што си и ти.“ Корнелиј стана, а Петар почна да му зборува. Кога влегоа внатре, Петар виде голем број собрани луѓе. Тогаш Петар им рече: „Вие знаете дека е спротивно на еврејските закони да се дружам со неевреи и да доаѓам кај нив. Но Бог ми покажа дека никого не треба да го сметам за гнасен и нечист. Затоа, без да се противам, се одѕвав на вашата покана. А сега да ве прашам: Зошто ме повикавте?“ Корнелиј му одговори: „Пред четири дена, во три часот попладне, се молев во својата куќа, кога одненадеж пред мене застана еден човек во блескава облека, и ми рече: ,Корнелиј, Бог ги услиши твоите молитви и си спомна за твојата дарежливост спрема сиромашните. Испрати гласници во Јопа да го повикаат човекот што го викаат Петар, кој престојува во куќата на кожарот Симон, близу до морскиот брег!‘ Затоа веднаш испратив по тебе и ти добро направи што дојде. Еве не сега сите собрани овде пред Бог, за да слушнеме што се ти е доверено од Господ.“ Тогаш Петар почна да зборува: „Сега сфаќам дека Бог навистина не е пристрасен кон никого, туку го прифаќа секој што има страхопочит спрема Него и праведно постапува, без разлика на кој народ му припаѓа. Вие ја знаете пораката што им ја упати на Израелците, нудејќи им Радосна вест за помирување преку Исус Христос, Кој е Господ на сите. Знаете што се се случуваше во Јудеја, почнувајќи од Галилеја, откако Јован Крстител почна да проповеда дека секој треба да се крсти. Потоа Бог Го помаза Исуса од Назарет со Светиот Дух и Му даде сила. Исус цел живот правеше добрини и ги исцелуваше сите што беа угнетени од Ѓаволот, зашто Бог беше со Него. А ние, апостолите, сме сведоци за се што Тој направи во земјата на Евреите и во Ерусалим. Него Го убија, Го распнаа на крст. Но на третиот ден, Бог Го воскресна, Му овозможи да се појави, не на сите луѓе, туку само на сведоците што Бог ги беше одбрал од порано, односно нам што јадевме и пиевме со Него откако Тој воскресна од мртвите. Тој ни заповеда да им проповедаме и да ги уверуваме луѓето дека Исус е Судијата назначен од Бог, и Тој ќе им суди и на живите, и на мртвите. Сите пророци зборуваа за Исус и навестија дека на сите што веруваат во Него им се простуваат гревовите преку вера во Неговото име.“ Додека Петар зборуваше, Светиот Дух слезе врз сите што ја слушаа пораката. Христијаните од еврејско потекло, кои го придружуваа Петар, се изненадија кога видоа дека Светиот Дух и духовните дарби им беа дадени и на луѓе што не се Евреи. Тука, пред нивни очи, ги слушаа како зборуваат на туѓи јазици и Го прославуваат Бога. Тогаш Петар рече. „Може ли некој да не им дозволи на овие луѓе да се крстат во вода, кога тие Го примија Светиот Дух исто како и ние!?“ Така Петар им заповеда да бидат крстени во името на Исус Христос. Потоа тие го замолија да остане кај нив уште неколку дена. Апостолите и другите христијани во Јудеја разбраа дека и неевреите ја прифатиле Божјата порака. Кога Петар се врати горе, во Ерусалим, некои од Евреите - христијани почнаа да му приговараат, велејќи му: „Си влегол во куќа полна со необрезани луѓе и си јадел со нив!“ Тогаш Петар почна да им објаснува што се случи, и им рече: „Бев во градот Јопа. Додека се молев, паднав во занес и имав видение: нешто како големо ленено платно врзано за ќошињата се спушти од небото и дојде до мене. Погледнав во платното и видов разни видови четириножни животни, ѕверови, влечуги и птици. Потоа слушнав глас: ,Петар! Стани, коли и јади!‘ Јас одговорив: ,Никако, Господи, зашто она што е забрането да се јаде според еврејските закони никогаш не влегло во мојата уста!‘ Гласот од небото по вторпат ми проговори: ,Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го исчистил!‘ Тоа се случи трипати и потоа платното со животните се врати на небото. Веднаш потоа, пред куќата во која престојував, се појавија тројца мажи од Цезареја. Тие беа испратени по мене. Светиот Дух ми рече да одам со нив, без да се двоумам. Со мене тргнаа уште шестмина христијани. Заедно отидовме во домот на човекот што ме повика. Тој ни раскажа како во својот дом видел ангел, кој му рекол: ,Испрати луѓе во Јопа и викни го Симон, кого уште го викаат Петар. Тој ќе ти каже како да се спасите ти и сите што живеат во твојот дом.‘ Тукушто почнав да зборувам, Светиот Дух слезе врз нив, исто како што слезе и врз нас на почетокот. Тогаш се сетив на она што Господ ни го рече: ,Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Светиот Дух.‘ Штом Бог им го даде истиот дар како и нам, кога и тие поверуваа во Исус Христос, кој сум јас да Му се противставувам на Бог!?“ Кога го слушнаа ова, престанаа да негодуваат и Го прославија Бога, велејќи: „Значи и на неевреите Бог им даде можност да се покаат и да добијат вечен живот!“ Во меѓувреме, христијаните што се беа распрснале поради прогонствата што настапија по убиството на Стефан, и беа стигнале до Феникија, Кипар и Антиохија, не им ја проповедаа Радосната вест на другите народи, туку само на Евреите. Имаше само неколкумина од Кипар и Кирена, кои, откако стигнаа во Антиохија, им проповедаа и на Грците дека Исус е Господ. Силата Господова беше со нив и голем број поверуваа и се обратија кон Господ. Кога за ова слушнаа луѓето од ерусалимската црква, го испратија Барнаба во Антиохија. Тој дојде и, восхитен од Божјата благонаклоност, се радуваше и ги охрабруваше сите да Му останат верни и посветени на Господ. Барнаба беше добар човек, исполнет со Светиот Дух и со силна вера. Тогаш голем број луѓе се приклонија кон Господ. Потоа Барнаба замина за Тарс да го бара Савле, па кога го најде, го доведе во Антиохија. Цела една година останаа таму. Се собираа во црквата и поучуваа многу народ. Токму во Антиохија следбениците на Христос првпат ги нарекоа христијани. Во тоа време од Ерусалим во Антиохија дојдоа неколку пророци. Еден од нив по име Агав претскажа преку Светиот Дух дека по целото Римско царство ќе настапи голем глад. Тоа навистина и се случи во времето на Клаудиј. Тогаш христијаните во Антиохија решија секој, според своите можности, да им испрати помош на христијаните во Јудеја. Така и направија, испраќајќи ја помошта до тамошните старешини, преку Барнаба и Савле. Во тоа време, царот Ирод Агрипа им зададе многу маки на неколку припадници на црквата. Со меч го погуби апостол Јаков, братот на Јован. Кога виде дека со тоа им угодува на еврејските челници, го уапси и Петар, и тоа за време на празникот Бесквасници. Го фати Петра, го затвори и нареди четири групи од по четири војници да го чуваат, а по Пасхата да го изведе на јавно судење пред народот. Додека Петар беше в затвор, целата црква сесрдно Му се молеше на Бог за него. Ноќта, пред Ирод да го изведе на суд, Петар спиеше меѓу двајца војници, врзан со два син?ира, а пред вратата на затворот стоеше стража. Одеднаш, ангел Господов му пријде и светлина болсна во ќелијата. Го потчукна по рамото и го разбуди, велејќи му: „Станувај брзо!“ Тогаш син?ирите паднаа од неговите раце, а ангелот му рече: „Препаши се и обуј си ги сандалите!“ Петар го послуша. Потоа му рече: „Префрли си ја наметката и оди по мене!“ Така Петар излезе од затворот, следејќи го ангелот, и не беше свесен дека тоа што се случува е на јаве, туку мислеше дека сонува. Ја поминаа првата стража, ја поминаа и втората стража, дојдоа пред железната градска порта и таа сама им се отвори, па излегоа и тргнаа по една улица. Тогаш ангелот исчезна. А кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега се уверив дека Господ навистина испрати Свој ангел да ме избави од Ирод и од она што сакаа да ми го сторат Евреите!“ Потоа Петар се упати кон куќата на Марија, мајката на Јован, со прекар Марко. Таму имаше многу христијани собрани на молитва. Чукна на портата. Дојде слугинката по име Рода и кога му го позна гласот, од радост не му отвори, туку втрча во куќата и им кажа дека Петар стои пред портата. „Ти не си при себе!“ - и рекоа луѓето, но таа упорно тврдеше дека ја зборува вистината. „Тоа мора да е неговиот ангел!“ - велеа тие. Петар продолжуваше да чука и кога конечно му отворија и го видоа, се стаписаа! Им даде знак со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од затворот, па додаде: „Јавете му за ова на Јаков и на другите браќа - христијани.“ Потоа Петар си замина и отиде на друго место. Кога се раздени, настана паника меѓу војниците. Не знаеја што се случило со Петар! Ирод испрати потера, но не го најде. Ги испрашуваше и стражарите, но безуспешно, па нареди да ги погубат. Потоа Ирод ја напушти Јудеја и привремено се пресели во Цезареја. Ирод беше во многу лоши односи со граѓаните на Тир и Сидон. Тие се здружија, испратија кај него делегација. Го поткупија Бласт, кој му беше собар, и побараа да склучат мир, бидејќи нивната земја добиваше храна од земјата на царот Ирод. На договорениот ден, Ирод се облече во царска облека, седна на престолот, и му одржа говор на насобраниот народ. Народот одушевено викаше: „Ова е глас на бог, а не на човек!“ Во истиот миг ангел Господов го удри со болест, зашто не Му оддаде слава на Бог. Во неговото тело се развија црви од што тој набргу умре. А Божјата порака се пошироко се проповедаше и бројот на христијаните растеше. Откако ја завршија мисијата во Ерусалим, Барнаба и Савле се вратија во Антиохија. Со себе го зедоа Јована, со прекар Марко. Меѓу пророците и учителите во антиохиската црква беа и Барнаба, Симон наречен ,Црнец‘, Луцие од Кирена, Менахем, кој беше израснал со царот Ирод, и Савле. Еден ден, додека Му служеа на Господ и постеа, Светиот Дух им рече: „Одвојте ми ги Барнаба и Савле за една посебна задача што сакам да им ја доверам!“ Откако постеа и се молеа, нивните соработници ги положија рацете врз нив и ги испратија. Савле и Барнаба, испратени од Светиот Дух, слегоа во пристаништето Селевкија, а оттаму отпловија за островот Кипар. Таму, во градот Саламис, одеа по еврејските синагоги и ја проповедаа Божјата порака. Со нив, како помошник, беше и Јован, со прекар Марко. Го поминаа целиот остров, се до гратчето Пафос. Таму сретнаа еден човек по име Бар-Исус. Тој се занимаваше со магии и лажно им се претставуваше на Евреите како Божји пророк. Од друга страна, тој му беше пријател на Сергиј Павле, управник на островот. Управникот беше разумен човек, па ги покани Барнаба и Савле, сакајќи од нив да ја слушне Божјата порака. Маѓепсникот Елимас (така го викаа на грчки), им се противстави, настојувајќи да го спречи управникот да стане христијанин. Тогаш Савле, познат и како Павле, се исполни со Светиот Дух, го погледна маѓепсникот в очи и му рече: „Човеку, ти си полн со измами и лукавства! Ѓаволски син си, непријател на се што е праведно! Нема ли да престанеш да лажеш и да тврдиш дека твоите лаги се вистинските патишта Господови!? Еве, сега раката Господова ќе те казни: ќе ослепиш и извесно време нема да гледаш!“ Маѓепсникот веднаш ослепе и талкаше наоколу, молејќи се некој да го фати за рака и да го води. Кога управникот виде што се случи, поверува, а она што го научи за Господ му остави силен впечаток. Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија, град во областа Писидија. Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“ Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече: “Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете! Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму. Речиси четириесет години се грижеше за нив во пустината. Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците. Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил. Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години. Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: ,Давид, синот на Јишај, е човек по волја на Моето срце. Тој ќе исполни се што ќе побарам од него!‘ Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му издигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус. Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат. Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: ,Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам!‘ Луѓе, браќа, потомци на Авраам и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, оваа порака за спасение е испратена до сите нас! Жителите на Ерусалим и нивните водачи не сфатија Кој е Исус, иако секоја сабота читаат од Книгите на пророците. Осудувајќи Го на смрт, тие го исполнија она што го претскажаа пророците. Иако не Му најдоа никаква вина за да Го осудат на смрт, тие инсистираа кај Пилат Исус да биде погубен. Откако преку нив се исполнија сите пророштва поврзани со смртта на Месијата, тие Го симнаа од крстот и Го положија во гробница. Но Бог Го воскресна од мртвите! Потоа, со денови им се појавуваше на оние што дојдоа со Него од Галилеја во Ерусалим. Сега тие се Негови сведоци пред израелскиот народ. Барнаба и јас сме сега дојдени да ви пренесеме Радосна вест: ветувањето што Бог им го беше дал на нашите предци го исполни пред нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса! Имено, во вториот псалм Бог вели во врска со Исус: ,Ти си Мојот Син, денес станав Твој Татко.‘ Понатаму, Бог вети дека ќе Го воскресне Исуса од мртвите и дека никогаш повеќе нема да умре. Тоа е запишано со следниве зборови: ,Тебе ќе ти го дадам светиот благослов што му го ветив на Давид.‘ Во еден друг псалм, појаснува: ,Ти нема да дозволиш Твојот Светец да скапува во гробот.‘ Ова ветување не се однесуваше на Давид, зашто Тој, откако ја изврши Божјата мисија меѓу своите современици, почина и беше прибран кај своите предци, а неговото тело се распадна. Ова се однесуваше на некој друг, на Оној Кого Бог Го воскресна, на Исус. Тој не остана во гробот, Неговото тело не се распадна. Затоа, браќа мои, Радосната вест гласи дека само преку Исус може да ви се простат гревовите! Тој може да го стори она што не е можно да се постигне со придржување кон Мојсеевиот Закон. На секој што верува во Него, ќе му се прости вината, ќе биде оправдан пред Бог! Ова е нешто што не можеше да се добие преку придржување кон Мојсеевиот Закон. Затоа внимавајте да не ве снајде она што е претскажано од пророците: ,Гледајте, вие подбивачи! Стаписајте се и изгинете, зашто она што го правам во вашите дни, немаше да го верувате ако некој ви го раскажуваше!‘“ На излегување, луѓето ги молеа и идната сабота да им проповедаат за ова. Кога се разотидоа, многу Евреи и прозелити тргнаа по Павле и Барнаба, кои им зборуваа и ги охрабруваа да Му останат верни на Бог, чија благонаклоност се излеа над нив. Следната сабота речиси целиот град се собра да ја слуша пораката Господова. Кога еврејските челници видоа колку многу народ се насобра, се исполнија со завист. Почнаа да го навредуваат Павле и да му се противат на се што ќе речеше. Но Павле и Барнаба, решително и смело им рекоа: „Нормално беше Божјото Слово да ви се проповеда прво вам, на Евреите. Но вие го одбивате и покажувате дека не сте достојни за вечен живот; затоа сега ние се свртуваме кон другите народи. Самиот Господ вака ни нареди: ,Ве поставувам да им бидете светлина на нееврејските народи, да го однесете спасението до краевите на Земјата!‘“ Слушајќи го ова, луѓето од нееврејско потекло се радуваа и Му благодареа на Господ за она што го слушаа. Тогаш сите што беа предодредени за вечен живот, поверуваа. Така пораката Господова се ширеше низ целата област. Тогаш еврејските челници ги подбуцнаа поистакнатите религиозни жени и градските водачи, кои се кренаа против Павле и Барнаба и ги истераа од нивната област. Павле и Барнаба ја истресоа правта од стапалата и отидоа во градот Иконија, а христијаните беа полни со радост и со Светиот Дух. Павле и Барнаба влегоа заедно во синагогата во градот Иконија и проповедаа со таква сила, што голем број и Евреи и неевреи ја прифатија христијанската вера. Но оние Евреи што не поверуваа, ги подбуцнуваа луѓето од другите народи да не ги слушаат Павле и Барнаба. И покрај тоа, апостолите долго време останаа таму и смело зборуваа за Господ, а Господ им даваше сила да прават чуда и видливи докази, поткрепувајќи ја така веродостојноста на пораката за Неговата огромна благонаклоност. Народот во градот беше поделен. Едни беа со Евреите - противници, а други со апостолите. Кога работата дојде дотаму, што противниците меѓу Евреите и меѓу другите народи, предводени од своите водачи, решија да ги нападнат и да ги каменуваат, апостолите избегаа кон областа Ликаонија, накај градовите Листра, Дерба и околните села. Таму продолжија да ја проповедаат Радосната вест. Во градот Листра имаше еден човек со заболени нозе. Беше сакат во нозете уште од раѓање, постојано седеше и никогаш не беше проодел. Додека апостол Павле проповедаше, тој човек слушаше. Павле го забележа и кога виде дека во него има вера за да биде исцелен, гласно му рече: „Стани, исправи се на своите нозе!“ Човекот скокна и прооде! Кога луѓето видоа што направи Павле, почнаа силно да извикуваат, на ликаонски говор: „Боговите зеле човечки тела и слегле кај нас!“ Почнаа Барнаба да го викаат Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник. Свештеникот во храмот на Зевс, кој се наоѓаше пред градот, доведе бикови, донесе венци од цвеќиња пред градските порти и заедно со целиот народ сакаше да им принесе жртви на апостолите. Кога слушнаа за ова апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа своите наметки и потрчаа накај народот, викајќи: „Луѓе, што правите!? И ние сме обични луѓе, како вас! Сакаме да ви објавиме Радосна вест: оставете ги овие безвредни обреди и свртете се кон Живиот Бог! Тој ги создаде небото и Земјата, морето и се што е во нив! Во минатото, Тој им дозволи на сите народи да одат по сопствените патишта. Сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси, правејќи за нив добродетелства, давајќи им дожд и плодни годишни времиња, давајќи им храна и исполнувајќи ги нивните срца со радост.“ Дури и откако им го рекоа ова, одвај ги убедија луѓето да не им принесуваат жртви. Тогаш од Антиохија и од Иконија пристигнаа неколку Евреи, кои го подбуцнаа народот да го каменуваат Павле. Потоа го исфрлија надвор од градот, сметајќи го за мртов. Но кога тамошните христијани се собраа околу него, тој стана и се врати во градот. Утредента Павле и Барнаба заминаа за Дерба. Откако во тој град ја проповедаа Радосната вест и придобија многу следбеници, апостолите Павле и Барнаба се вратија најпрвин во Листра, а потоа и во Иконија и писидиска Антиохија, за да ги охрабрат Христовите следбеници, давајќи им поттик да истраат во верата, учејќи ги дека пред да втасаме во Божјото царство ќе треба да минеме низ многу неволи. Во секоја црква поставија старешини, откако постеа и се молеа, а потоа ги предадоа во рацете на Господ, во Кого поверуваа, Тој да се грижи за нив. Потоа преку Писидија се вратија во областа Памфилија. Уште еднаш проповедаа во Перга, а оттаму заминаа за Аталија од каде со брод се вратија во сириска Антиохија, град од којшто и го започнаа првото мисионерско патување, со доверба дека Божјата благонаклоност ќе ги води во извршувањето на работата. Таа задача сега беше успешно завршена. Кога пристигнаа во Антиохија, ја собраа целата црква, им раскажаа за се што Бог направи преку нив, и како и на нееврејските народи им ја отвори вратата на верата. Тука останаа подолго време со тамошните христијани. Во времето додека Павле и Барнаба беа во сириска Антиохија, имаше неколку луѓе дојдени од Јудеја што им говореа на новообратените христијани од нееврејско потекло дека, ако не се обрежани според обичајот оставен од Мојсеј, не можат да бидат спасени. Павле и Барнаба не се согласија со ова, па дојде до голема расправија. Затоа се договорија, Павле, Барнаба и неколкумина од нив да појдат кај апостолите и старешините во Ерусалим и да се посоветуваат во врска со ова прашање. Така испратени на пат од црквата минуваа низ Феникија и Самарија, и патем застануваа да ги посетат христијаните. Во текот на тие посети подробно им раскажуваа дека и луѓе што не се Евреи се обраќаат кон Бог. Со тоа многу ги израдуваа тамошните христијани. Кога Павле и Барнаба стигнаа во Ерусалим беа примени од тамошната црква, од апостолите и старешините. Им раскажаа за се што Бог направи преку нив. Но станаа неколкумина што порано биле фарисеи, а сега беа христијани, па рекоа дека е неопходно сите новообратени што не се Евреи да се обрежат и да им се нареди да го спроведуваат Мојсеевиот Закон. Апостолите и старешините се собраа, за да го разгледаат ова прашање. По една долга расправа, стана Петар и им рече: „Луѓе, браќа, вие знаете дека уште од првите денови Бог избра другите народи токму од мојата уста да ја слушнат Радосната вест и да поверуваат. Бог, Кој ги познава човечките срца, потврди дека ги прифаќа и неевреите со тоа што им го даде Светиот Дух, како и нам. Тој не направи никаква разлика меѓу нас и нив. Ги исчисти и нивните срца преку вера. Зошто сега вие не го прифаќате начинот што Бог го одбра и врз вратовите на нееврејските христијани ставате јарем, кој ниту нашите предци, ниту ние не можевме да го носиме? Ние веруваме дека спасението и за нас и за нив е преку дарежливата благонаклоност на Господ Исус.“ Тогаш сите што беа собрани замолкнаа и ги слушаа Барнаба и Павле како раскажуваат за многубројните видливи докази и чуда што Бог ги направи преку нив меѓу нееврејските народи. По нив проговори Јаков: „Луѓе, браќа, слушнете што ќе ви кажам! Симон Петар ви објасни како самиот Бог најнапред се погрижи да придобие Свои луѓе и од другите, нееврејски народи. Тоа е во согласност со претскажувањата на пророците, кои ги запишале Божјите зборови: ,Подоцна ќе се вратам и ќе го обновам паднатиот шатор на Давид, урнатините ќе ги поправам така што остатокот од човештвото, меѓу кои се и сите нееврејски народи кои Јас сум ги повикал да бидат Мои, ќе можат да Го најдат Господа.‘ Вака рече Господ, Кој уште пред векови ни ги објави овие нешта. Затоа јас сметам дека не треба да им отежнуваме на луѓето од нееврејско потекло кои решиле да се свртат кон Бог. Да им напишеме само да не јадат месо што е принесено како жртва на идоли, да се пазат од блуд, да не јадат задавени животни и да не консумираат крв. Зашто овие закони од Мојсеј се проповедаат секоја сабота по еврејските синагоги во сите градови.“ Тогаш апостолите, старешините и целата црква во Ерусалим решија да изберат луѓе и да ги испратат во сириска Антиохија, заедно со Павле и Барнаба за да им ја пренесат оваа одлука. Одбраа двајца од водачите на црквата: Јуда, наречен Барсаба, и Сила. Ним им го предадоа следново писмо: “Од апостолите и старешините, ваши браќа од Ерусалим, до христијаните од нееврејско потекло во Антиохија, Сирија и Киликија. Поздрави до вас! Слушнавме дека кај вас дошле луѓе одовде и, без да добијат од нас никакви упатства, ви издавале разни заповеди, со што многу ве вознемириле. Затоа, откако постигнавме согласност по ова прашање, избравме луѓе што ќе ги испратиме кај вас, заедно со нашите сакани Барнаба и Павле, луѓе што Му ги посветиле своите животи на нашиот Господ Исус Христос. Ги испраќаме Јуда и Сила, кои и усно ќе ви го објаснат ова што ви го пишуваме. Светиот Дух и ние решивме да не ве оптоваруваме со други бремиња, освен со овие неколку нешта, што се неопходни: да не јадете месо што е принесено како жртва на идоли, да не консумирате крв, да не јадете задавени животни и да се пазите од блуд. Доволно е да се придржувате до овие упатства. Бидете поздравени!“ Така четворицата испратени заминаа за сириска Антиохија. Таму свикаа собрание на сите христијани и им го предадоа писмото. Луѓето го прочитаа и многу и се израдуваа на неговата содржина. А Јуда и Сила, обајцата Божји пророци, долго им зборуваа на христијаните, охрабрувајќи ги и зајакнувајќи им ја верата. Поминаа со нив извесно време, а потоа со благослов од христијаните се вратија во Ерусалим кај оние што ги испратија. (Но Сила реши да остане таму.) Павле и Барнаба останаа во Антиохија, каде што заедно со многу други луѓе поучуваа и ја проповедаа пораката од Господ. По извесно време Павле му рече на Барнаба: „Ајде да се вратиме и повторно да ги посетиме христијаните по сите градови каде што ја проповедавме пораката од Господ, за да видиме како се.“ Барнаба се согласи, но предложи да го поведат со себе и Јован, со прекар Марко. Меѓутоа, Павле сметаше дека не треба да водат со себе човек што веќе еднаш ги остави во Памфилија и се повлече од работата. Несогласувањето беше толку остро што тие се разделија. Барнаба го зеде со себе Марко и тие отпловија за Кипар. Павле, пак, го зеде со себе Сила, и заедно тргнаа на пат, откако верните се помолија Господ да им биде благонаклонет. Така тие пропатуваа низ Сирија и Киликија, и по сите цркви ги охрабруваа христијаните. Павле и Сила пристигнаа прво во Дерба, а оттаму и во Листра. Таму имаше еден млад Христов следбеник по име Тимотеј. Неговата мајка веруваше во Господ. Таа беше Еврејка, а татко му беше Грк. Тимотеј уживаше голем углед меѓу верниците во Листра и Иконија. Павле реши да го поведе со себе. Заради Евреите што живееја во тој град, уреди Тимотеј да биде обрежан пред да тргнат на пат, зашто сите знаеја дека неговиот татко беше Грк. Како што одеа од град во град, им ги пренесуваа на христијаните уредбите до кои треба да се придржуваат според решението на апостолите и старешините во Ерусалим. Така црквите стануваа се посилни во верата, а и нивниот број секојдневно се зголемуваше. Тие патуваа низ областите Фригија и Галатија, бидејќи Светиот Дух не им дозволуваше да одат и да проповедаат во областа Азија. Пристигнаа до границите на покраината Мизија и сакаа да се упатат накај покраината Битинија, но Духот на Исус не им дозволи. Минувајќи низ Мизија, слегоа до градот Троада. Во текот на ноќта, Павле имаше видение: еден Македонец, стоеше пред него и го молеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“ По тоа негово видение, ние веднаш се упативме накај Македонија, сфаќајќи дека Бог не повикува таму да ја проповедаме Радосната вест. Отпловивме од Троада и се упативме накај островот Самотраки, а следниот ден пристигнавме во пристаништето Неаполис. Оттаму заминавме за Филипи, важен град во покраината Македонија. Тој град беше римска колонија. Таму останавме неколку дена. Во еден саботен ден излеговме од портите на градот покрај една река, каде што претпоставувавме дека им е местото за молитва. Седнавме и позборувавме со неколку жени што беа дојдени на тоа место. Меѓу нив имаше една жена по име Лидија од градот Тијатир. Таа се занимаваше со продавање на скапоцени пурпурни ткаенини. Лидија веруваше во Бог. Додека не слушаше, Господ и го отвори срцето и таа го прифати она што го зборуваше Павле. Откако таа и нејзините домашни се крстија, упорно не канеше да бидеме нејзини гости: „Ако сметате дека имам вера во Господ, дојдете и останете во мојот дом додека престојувате во овој град.“ Така не убеди и останавме. Еден ден, додека одевме на тоа место за молитва, не сретна една робинка која се занимаваше со вражање, со што им носеше многу пари на своите господари. Тргна по Павле и по нас, и почна да вика: „Овие луѓе Му се служители на Севишниот Бог! Тие се дојдени да ви кажат како можете да се спасите!“ Тоа го правеше со денови, па кога на Павле му здодеа, се сврте кон духот што ја обземаше девојката, и му рече: „Ти наредувам во името на Исус Христос да излезеш од неа!“ Во истиот час гатачкиот дух излезе од неа. Нејзините господари сфатија дека згасна нивниот извор на приходи, па ги фатија Павле и Сила и ги одвлечкаа на пазариштето, пред градските власти. Ги изведоа пред судиите и почнаа да викаат: „Овие Евреи го вознемируваат целиот град! Тие проповедаат обичаи кои за нас, Римјаните, се неприфатливи!“ Против Павле и Сила веднаш нагрвали толпа народ, а судиите наредија да им ги соблечат горните облеки и да ги тепаат со стапови. Откако сурово ги претепаа, ги фрлија в затвор и му наредија на чуварот добро да внимава на нив. Чуварот ја спроведе наредбата, ги фрли во најдлабокиот дел од затворот и им ги стегна нозете во пранги. Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. Одеднаш силен земјотрес ги измести темелите на затворот; сите врати се отворија и прангите на сите затвореници им паднаа од нозете. Чуварот се разбуди и кога виде дека вратите на затворот се отворени, го извади мечот за да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. Тогаш Павле силно викна и му рече: „Немој да се убиваш! Сите сме овде!“ Чуварот побара ламба и влезе внатре треперејќи, па клекна пред Павле и Сила. Ги изведе надвор и им рече: „Господа, што треба да сторам, за да се спасам?“ Тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твоите домашни!“ Потоа тие нему и на сите што беа во неговиот дом им проповедаа за Господ, а тој, уште ноќта, им ги изми раните и не чекајќи ниту миг беше крстен, и тој и сите негови домашни. Ги одведе горе, во својата куќа, постави пред нив трпеза, па тој и сите негови домашни многу се радуваа што поверуваа во Бог. Кога се раздени, градските судии испратија службеници да му речат на чуварот: „Ослободи ги тие луѓе!“ Чуварот му ги пренесе овие зборови на Павле: „Судиите ми наредија да ве ослободам, затоа слободно одете си.“ Меѓутоа, Павле им одговори: „Ние сме римски граѓани, а властите наредија јавно да не тепаат, без да ни се суди. Потоа не затворија. Зар сега сакаат тајно да не ослободат? Не може така! Нека дојдат судиите и тие лично нека не ослободат!“ Службениците им ја пренесоа на судиите пораката, а овие, кога дознаа дека Павле и Сила се римски граѓани, се уплашија. Дојдоа, им се извинија, ги извадија од затворот и ги молеа да го напуштат градот. Кога излегоа од затворот, Павле и Сила отидоа во домот на Лидија за да се видат со христијаните и да ги охрабрат, а потоа отпатуваа. Потоа Павле и Сила поминаа низ градовите Амфиполис и Аполонија, па пристигнаа во Солун. Таму имаше еврејска синагога. Како што обично правеше, Павле дојде кај нив и три саботи по ред им проповедаше од Светото Писмо, објаснувајќи им и докажувајќи им дека беше неопходно Месијата да настрада и да воскресне од мртвите. Тој им рече: „Исус е Месијата. За Него ви проповедам.“ Некои од нив поверуваа и им се приклучија на Павле и Сила, а пристапија и голем број побожни Грци и значителен број жени од високите кругови. Евреите ги фати завист, па собраа од пазариштето неколку денгубници и тргнаа во толпа да го вознемируваат целиот град. Ја нападнаа куќата на Јасон и бараа да им ги изведат Павле и Сила пред толпата. Откако не ги најдоа таму, го фатија Јасон, заедно со неколкумина други христијани и ги одвлекоа кај градските власти, па почнаа да викаат: „Тие што го вознемирија целиот свет сега пристигнаа и овде! А Јасон ги прибира и сите тие ги кршат законите на римскиот император со тоа што тврдат дека постои друг цар - некојси Исус!“ Слушајќи го ова, народот и властите се вознемирија, меѓутоа, откако зедоа од Јасон и од другите христијани пари во залог - ги ослободија. Уште истата ноќ христијаните од Солун итно ги испратија Павле и Сила во градот Верија. А тие, штом стигнаа во градот, влегоа во еврејската синагога. Евреите од Верија беа многу поблагородни од оние во Солун и со одушевување го примаа она што им го проповедаше Павле. Секојдневно го проучуваа Светото Писмо, за да проверат дали она што тој им го проповеда е вистина. Затоа многумина од тамошните Евреи поверуваа, а поверуваа и поголем број видни жени и мажи од Грците. Кога Евреите од Солун дознаа дека Павле и во Верија ја проповеда Божјата порака, дојдоа да ги подбуцнуваат луѓето против Павле. Тогаш христијаните веднаш го испратија Павле до морскиот брег, а Сила и Тимотеј останаа во Верија. Неколку христијани го спроведоа Павле до Атина. Потоа Павле им рече да се вратат и да им пренесат на Сила и Тимотеј што е можно побрзо да дојдат и тие. Додека Павле ги чекаше во Атина, духот му се потресе гледајќи го градот полн со идоли. Секој ден во синагогата разговараше со Евреите и со побожните луѓе од другите народи што доаѓаа таму. Одеше и на пазарот и им проповедаше на луѓето што ги среќаваше таму. Се расправаше и со неколкумина епикурејски и стоички филозофи. Кога почна да им зборува за Исус и за воскресението, некои од нив си рекоа: „Што сака да каже овој брборко!?“ Други велеа: „Проповеда за некоја нова вера!“ Го одведоа пред Советот на филозофите наречен Ареопаг и му рекоа: „Може ли сега да слушнеме какво е ова ново учење што ни го проповедаш? Тврдиш некои чудни работи и сакаме да чуеме повеќе за тоа.“ (Атињаните и туѓинците што беа во посета на Атина си го поминуваа времето зборувајќи или слушајќи за нови работи.) Павле застана сред Ареопагот и рече: „Атињани! Забележав дека сте вие многу побожни луѓе, зашто, минувајќи и гледајќи ги вашите светилишта, видов и еден жртвеник на кој пишуваше: ,На непознатиот Бог‘. Значи вие Го обожавате, иако не Го познавате. Јас сакам да ви проповедам за Него. Тој Бог го создаде светот и се што е во него. Тој е Господар на небото и Земјата. Не живее во храмови изградени од човечки раце. Тој нема потреба да Му служите со дарови од вашите раце, бидејќи нема потреба од ништо. На целиот жив свет Тој му дава живот и здив и се што му треба. Сите народи ги создаде од еден човек, ги насели по целата Земја, им определи во кое време ќе постојат и во кои граници ќе бидат нивните живеалишта, за да Го бараат Бога, да допрат до Него и да Го најдат, зашто Тој е близу до секој од нас! Бидејќи Тој ни овозможува да живееме, да се движиме и да бидеме тоа што сме. Како што вели и еден од вашите поети: ,Ние сме Негови деца.‘ Затоа, штом знаете дека сме Божји чеда, не треба да мислиме дека идолите се богови. Тие се само злато, сребро или камен, обликувани со вештината и според замислата на обични луѓе. Не земајќи го предвид времето кога луѓето не го знаеле ова, Бог сега им порачува на сите луѓе, насекаде, да се одвратат од идолите и да се свртат кон Бог. Зашто Тој го има одредено денот во кој праведно ќе му суди на целиот свет, преку Човекот што за тоа Го определи и уверливо Го потврди воскреснувајќи Го од мртвите.“ Кога слушнаа дека зборува за воскреснување од мртвите, некои луѓе почнаа да му се подбиваат, но други рекоа: „Сакаме повторно да ни зборуваш за ова!“ Тогаш Павле си замина оттаму, а неколку души поверуваа и му се придружија. Меѓу нив беа: Дионисиј, член на Ареопагот, една жена по име Дамара и уште неколкумина други. Потоа Павле отпатува од Атина за Коринт. Таму се сретна со еден Евреин по име Акила, родум од Понт. Тој, заедно со својата жена Присцила, неодамна беше пристигнал од Италија, бидејќи императорот Клавдиј беше наредил сите Евреи да го напуштат Рим. Павле отиде кај нив, и бидејќи го знаеше нивниот занает - изработка на шатори - тој остана кај нив и заедно работеа. Секоја сабота Павле одеше во тамошната синагога и им проповедаше и на Евреите и на Грците. Кога Сила и Тимотеј пристигнаа од Македонија, Павле уште поревносно им проповедаше на Евреите дека Исус е Месијата што Го чекаат. Но кога тие се свртеа против него и почнаа да го навредуваат, тој им го врати и правот од наметката и им рече: „По своја вина ќе загинете! Јас немам вина за тоа! Отсега ќе одам да им проповедам на другите народи!“ Си замина оттаму и се пресели во куќата на Тициј Јуст, побожен човек чија куќа беше веднаш до синагогата. Управник на синагогата беше Крисп. Тој и сите негови домашни поверуваа во Господ. Поверуваа и многу други жители на Коринт, кои ја слушнаа пораката, а откако поверуваа, потоа и се крстија. Една ноќ, Господ му порача на Павле преку видение: „Не плаши се! Немој да молчиш, туку зборувај! Јас сум со тебе и никој нема да ти направи никакво зло! Има многу Мои луѓе во овој град!“ Така Павле остана во Коринт една година и шест месеци, проповедајќи им ја на луѓето Божјата порака. Но кога Галио стана управник на Ахаја, извесен број Евреи се здружија и се кренаа против Павле. Го изведоа на суд пред Галио, изнесувајќи го против него следново обвинение: „Овој човек ги наговара луѓето да Му пристапуваат на Бог на начин што е спротивен на нашиот верски Закон!“ Пред Павле уста да отвори, Галио се сврте накај Евреите и им рече: „Евреи, ако се работеше за злосторство или за некаков престап, ќе бев должен да ве ислушам; но со оглед на тоа што се работи за учења, за личности и за вашиот верски Закон, тоа расчистете си го самите меѓу себе. Јас немам намера да ви пресудувам за такви нешта!“ Потоа ги избрка од судницата. А тие го фатија Состен, кој беше управник на синагогата и го тепаа пред судот, но Галио воопшто не интервенираше. Павле остана во Коринт уште извесно време, а потоа се збогува со тамошните христијани и отплови за Сирија. Со него отпатуваа и Присцила и Акила. (Претходно, во Кенкреја, согласно со еврејските обичаи, Павле си ја беше избричил главата, зашто имаше дадено таков завет.) Кога пристигнаа во пристаништето Ефес, Павле се раздели од своите придружници. Додека беше во Ефес, отиде во синагогата и им проповедаше на Евреите. Тие го замолија да остане кај нив подолго време, но тој не прифати, туку, збогувајќи се со нив, им рече: „Ако даде Бог, пак ќе се вратам кај вас.“ Потоа отплови од Ефес. Дојде до пристаништето Цезареја, се поздрави со луѓето од црквата, па замина за Антиохија. Откако остана извесно време во сириска Антиохија, Павле одново тргна на пат, посетувајќи ги редум христијаните во областите на Галатија и Фригија, за да ги охрабри. Во меѓувреме, во Ефес пристигна еден Евреин по име Аполос. Тој беше родум од градот Александрија, во Египет. Беше вешт говорник и добро ги познаваше Божјите книги. Веќе беше упатен на Патот Господов и многу ревносно и точно проповедаше за Исус, иако знаеше само за крштавањето на Јован Крстител. Тој почна смело да зборува во синагогата. Кога го слушнаа Присцила и Акила, го зедоа кај нив и уште подобро му го објаснија Божјиот Пат. Аполос реши да замине за Ахаја. Христијаните од Ефес го охрабрија и им напишаа писма на христијаните во Ахаја, со препорака да го прифатат. Кога пристигна во Ахаја, Аполос многу им помогна на новообратените христијани кои поверуваа благодарение на Божјата дарежлива благонаклоност. Тој на јавни дебати ги побиваше Евреите со силни аргументи, докажувајќи им преку Божјите книги дека Исус е Месијата што им беше предвестен. Додека Аполос беше во Коринт, Павле патуваше низ внатрешноста, во околината на Ефес, а потоа се симна во градот. Таму најде неколку нови Христови следбеници, и ги праша: „Го примивте ли Светиот Дух кога поверувавте?“ Тие му одговорија: „Ние и не знаеме дека постои Свет Дух!“ Тогаш Павле ги праша: „А како сте крстени?“ “Онака како што крштаваше Јован Крстител“ - му одговорија тие. Павле им рече: „Јован ги крштаваше луѓето кои се каеја поради своите гревови. И самиот тој им велеше на луѓето дека е неопходно да веруваат во Оној што доаѓа веднаш по него, а тоа беше Исус.“ Кога го слушнаа ова, одново се крстија, овојпат во името на Господ Исус. Потоа Павле се помоли за нив, положувајќи ги над нив рацете и Светиот Дух слезе врз нив, па тие почнаа да зборуваат на други јазици и да пророкуваат. Во таа група беа околу дванаесет мажи. Потоа Павле одеше во ефешката синагога три месеци каде со голем жар им проповедаше на Евреите, се расправаше со нив и ги убедуваше во врска со Божјото царство. Кога еден дел од нив тврдоглаво одбија да поверуваат и почнаа јавно да зборуваат лоши работи за Христовото учење, Павле ја напушти синагогата, но ги поведе со себе оние што поверуваа во Христа и секојдневно проповедаше во училиштето на Тиран. Ова продолжи во текот на две години, така што сите жители на Азија, и Евреи и Грци, имаа можност да ја слушнат Господовата порака. Бог преку Павле правеше многу необични чуда, така што дури и кога врз болните ќе ставеа шамивче или дел од облека што се допрела до телото на Павле болестите исчезнуваа, а обземените се ослободуваа од демонските духови. Неколку Евреи што патуваа од место во место и истеруваа демони, се обидоа над обземените од демонски духови да го употребат името на Господ Исус велејќи: „Во името на Исус, Оној за Кого Павле проповеда, ви наредуваме да излезете!“ Тоа го правеа седумтемина синови на еврејскиот Првосвештеник Скева. Но демонскиот дух им одговори: „Исус Го знам, а и Павле го знам, но вас не ве знам!“ Па го натера човекот во кој беше влезен да се нафрли врз нив и да ги претепа, па тие голи и испоранети избегаа од куќата. За ова дознаа сите што живееја во Ефес, и Евреи и Грци, па ги фати страв и искажуваа голема почит спрема името на Господ Исус. Мнозина од оние што поверуваа доаѓаа и се исповедаа, признавајќи ги своите грешни дела. Дури и некои од оние што се занимавале со магии ги донесуваа своите книги за магии и пред сите ги запалуваа. Цената на запалените книги изнесуваше педесет илјади сребреници. Така пораката за Господ брзо се ширеше и јакнеше. По овие настани, поттикнат од Светиот Дух, Павле реши да ги посети Македонија и Ахаја, па да замине за Ерусалим. „А потоа,“ - рече тој - „ќе треба да го посетам и Рим.“ Ги испрати во Македонија двајцата свои помошници, Тимотеј и Ераст, а тој уште некое време остана во Азија. Во тоа време во Ефес настанаа големи немири заради Христовото учење. Еден златар по име Димитри, кој изработуваше сребрени модели од храмот на божицата Артемида и на тој начин се богатеа и тој и неговите соработници, ги собра сите што се занимаваа со оваа и слична работа и им рече: „Луѓе, вие знаете дека нашето богатство доаѓа од овој занает. Гледате и слушате дека не само во Ефес, туку речиси во цела Азија, овој човек, Павле, разубеди и одврати многу луѓе, велејќи им дека овие предмети направени од човечка рака не се богови. Постои опасност не само нашиот занает да падне во немилост, туку и храмот на големата божица Артемида сосема да ја загуби својата важност, да исчезне нејзината величественост што ја почитуваат цела Азија и целиот свет!“ Кога го слушнаа ова, збеснаа и почнаа да викаат: „Голема е Артемида, божицата на Ефес!“ Во градот настана мешаница и откако ги фатија Македонците Гај и Аристарх, сопатници на Павле, сите се собраа во градскиот амфитеатар. Павле сакаше да се појави пред насобраната толпа, но тамошните христијани го одвратија од таквата намера, а и некои луѓе од власта што му беа пријатели му испратија порака, молејќи го да не се појавува во амфитеатарот. Собирот се претвори во бркотница. Едни викаа едно, други друго, а повеќето воопшто не знаеја за што се собрани. Евреите го посочија Александар и го изведоа напред, а тој замавна со раката за да ги смири и да даде објаснување пред толпата, но кога слушнаа дека тој е Евреин, сите во еден глас викаа речиси два часа: „Голема е Артемида, божицата на Ефес!“ Најпосле градоначалникот ја смири толпата и рече: „Граѓани на Ефес! Има ли некој што не знае дека Ефес е град заштитник на храмот на големата божица Артемида и на кипот што ни падна од небото!? Ова никој не може да го оспори, затоа треба да се смирите и да не правите ништо непромислено. Овие луѓе, што сте ги довеле овде, ниту го ограбиле храмот, ниту пак зборувале против нашата божица. Ако Димитри и занаетчиите што се со него имаат некакво обвинение против овие луѓе, постојат судови и судии, па таму нека се судат. Ако имате некои други поплаки, тие мора да бидат разрешени на легалното градско собрание. Постои опасност Римјаните да не обвинат дека креваме бунт. Нема никаква причина да создаваме вакви немири.“ Откако го рече ова, го распушти собирот и луѓето се разотидоа. Кога стивна вревата, Павле ги собра христијаните од Ефес и ги охрабри. Се збогува со нив и тргна за Македонија. Патем, во сите градови низ кои поминуваше, со многу проповеди ги храбреше христијаните. Потоа замина за Грција. Таму остана три месеци. Токму кога се подготвуваше да тргне на пловидба кон Сирија дозна дека група Евреи коваат заговор против него. Затоа реши да се врати преку Македонија. На тој пат го придружуваа: Сопатер, синот на Пир од Верија, Аристарх и Секунд, од Солун, Гај од Дерба, Тимотеј, како и Тихик и Трофим од областа Азија. Тие отидоа пред нас и не чекаа во Троада. Откако заврши празникот на Бесквасните лебови, ние отпловивме од Филипи и по пет дена им се придруживме во Троада. Таму останавме седум дена. Во неделата бевме собрани на Причест, а Павле ги поучуваше насобраните, па ја одолжи проповедта се до полноќ, зашто следниот ден се подготвуваше да замине. Во горната соба, каде што бевме собрани, имаше многу ламби. Едно момче, по име Евтих, седејќи крај прозорецот, задрема, бидејќи Павле долго проповедаше. Сонот го совлада и Евтих падна од третиот кат. Кога го кренаа, беше мртов. Павле слезе долу, се наведна над него, го гушна и рече: „Не грижете се, жив е!“ Потоа сите се вратија во горната соба, и заедно зедоа Причест. Павле продолжи да им проповеда се до мугрите, кога си замина. Во меѓувреме, момчето го одведоа дома живо и здраво, што беше големо олеснување за сите. Павле реши да патува за Асос по копно. Ние, останатите, тргнавме со брод до Асос и се договоривме таму да го земеме со нас и Павле. Се сретнавме во Асос, го зедовме со нас и отпловивме за Митилена. Утредента пловевме покрај островот Киос, следниот ден поминавме покрај островот Самос, а по уште еден ден пловење, пристигнавме во Милет. Павле беше решил да го заобиколи Ефес и да не се задржува во Азија, зашто брзаше, ако е можно, до празникот Духовден да пристигне во Ерусалим. Од Милет испрати порака до старешините на црквата во Ефес и ги замоли да дојдат за да се сретнат со него. Кога пристигнаа, Павле им рече: „Вие знаете како живеев, уште од првиот ден кога пристигнав во Азија, зашто цело време бев со вас. Му служев на Господ со голема понизност, со солзи и маки низ кои морав да поминам поради заговорите што против мене ги коваа Евреите. Сепак, не пропуштив да ви кажам се што е полезно за вас, поучувајќи ве јавно или во вашите домови. Имав иста порака и за Евреите и за неевреите: да се покаат, да се свртат кон Бог и да поверуваат во нашиот Господ Исус. Сега Светиот Дух ме тера да одам во Ерусалим. Не знам што ме чека таму. Знам само дека Светиот Дух ми има кажано оти во секој град ме чекаат затвори и страдања. Но тоа не ме плаши. Мојот живот би немал вредност доколку не го искористам за да ја извршам мисијата што ми ја довери Господ Исус: да им ја проповедам на луѓето Радосната вест за Божјата милосрдна благонаклоност. Сега знам дека никој од вас со кои живеев и ви проповедав за Божјото царство нема повеќе да ме види. Затоа сакам јасно и гласно да ви кажам денес дека, ако некој од вас заврши во вечна смрт, јас за тоа не сум одговорен. Не пропуштив ништо од Божјиот план за луѓето, туку во целост ви го објавив. Внимавајте и на себе и на целото Божјо стадо во кое Светиот Дух ве поставил за надзорници. Бидете пастири на Божјата Црква која Тој ја откупи со сопствената крв. Знам дека откако јас ќе си заминам, ќе ви доаѓаат лажни пастири кои како свирепи волци ќе ве напаѓаат и нема да го штедат стадото. Од самите вас ќе произлезат луѓе што ќе ја изопачуваат вистината за да повлечат по себе дел од Христовите следбеници. Затоа, бидете на штрек! Не заборавајте дека три години деноноќно, без престан, со солзи во очите, го советував секој од вас поединечно. Сега ве предавам под Божјата грижа и поука од пораката за Неговата милосрдна благонаклоност спрема вас. Таа порака има моќ да ве изградува и да ви даде наследство заедно со сите што Бог ги избра и посвети. Од никого не барав пари или облеки. Вие и самите знаете дека за моите потреби и за потребите на оние што ме придружуваа јас работев со сопствените раце. На тој начин ви покажав како со вредно работење може да им се помогне на сиромашните. Не заборавајте што ни порача Самиот Господ Исус: ,Поблагословен е тој што дава, отколку тој што добива‘.“ Кога го рече ова, клекна на колена со нив и се молеше. Сите заплакаа на глас, и збогувајќи се, го гушкаа и го бакнуваа. Беа посебно тажни поради тоа што им рече дека веќе нема да го видат. Потоа го испратија до бродот. Откако во Милет се збогувавме со старешините на црквата од Ефес, испловивме накај островот Кос. Следниот ден стигнавме до Родос, а оттаму до Патара. Најдовме брод што оди за сириската покраина Феникија, па се качивме и отпловивме. Поминавме покрај Кипар, кој ни остана одлево, па продолживме да пловиме накај Сирија и пристигнавме во пристаништето Тир, каде што бродот требаше да го растовари товарот. Слеговме од бродот, ги најдовме тамошните христијани и останавме со нив седум дена. Тие, откако Светиот Дух им откри што ќе се случи со Павле, го советуваа да не оди во Ерусалим. Кога завршија седумте дена, тргнавме да си одиме. Сите христијани: мажи, жени и деца, се собраа да не испратат, па одеа со нас се до излезот од градот, а на брегот клекнавме на колена и се помоливме. Се збогувавме и се качивме на бродот, а тие се вратија во своите домови. Заминувајќи од Тир, пристигнавме во пристаништето Птолемаида. Се поздравивме со тамошните христијани и останавме со нив еден ден. Следниот ден отпатувавме и пристигнавме во Цезареја. Таму отидовме во домот на евангелистот Филип, еден од седумтемина што беа одбрани да им делат храна на сиромашните. Тој имаше четири немажени ќерки, на кои Светиот Дух им беше дал способност да пророкуваат. Во текот на нашиот повеќедневен престој во Цезареја, дојде еден човек од Јудеја по име Агав, кој исто така имаше дарба да пророкува. Дојде кај нас, го зеде појасот на Павле, си ги врза рацете и нозете, па рече: „Вака вели Светиот Дух: ,Сопственикот на овој појас ќе биде вака врзан од Евреите и ќе им биде предаден на Римјаните‘!“ Кога го чувме тоа и ние, и христијаните од Цезареја, го молевме Павле да не оди во Ерусалим. Но Павле ни одговори: „Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим, за името на Господ Исус!“ Бидејќи не успеавме да го разубедиме, замолкнавме и си рековме: „Нека биде според волјата Господова!“ По ова, се подготвивме и тргнавме кон Ерусалим. Со нас патуваа и неколку христијани од Цезареја и не одведоа на гости кај Мнасон, каде што останавме извесно време. Тој беше од Кипар и беше еден од најпрвите Христови следбеници. Кога стигнавме во Ерусалим, тамошните христијани убаво не пречекаа и се израдуваа. Следниот ден Павле, заедно со нас, отиде да го посети апостолот Јаков. На средбата присуствуваа и сите старешини од црквата во Ерусалим. Откако разменија поздрави, Павле подробно им раскажа што се Бог направи преку него меѓу нееврејските народи, во текот на неговата мисија. Кога го ислушаа, му благодарија на Бог. Потоа му рекоа на Павле: „Брате, ти гледаш колку илјадници Евреи станаа христијани и сите тие многу ревносно се придржуваат кон Мојсеевиот Закон. Тие чуле дека ти си ги поучувал Евреите кои живеат меѓу нееврејските народи да го напуштат Мојсеевиот Закон, односно да не ги обрежуваат своите машки деца и да не се придржуваат до обичаите. Што ќе правиме сега? Тие сигурно ќе разберат дека си дошол овде. Затоа ние имаме предлог: меѓу нас има четворица мажи што се заветувале, па се подготвуваат да си ги избричат главите. Оди со нив во храмот и придружи им се во церемонијата на исчистување, плати им да си ги избричат главите и сите ќе знаат дека она што го слушнале не е вистина, туку дека и самиот ти се придржуваш до еврејските закони. Што се однесува до неевреите - христијани, се што ние бараме од нив, веќе им го напишавме во писмо: да не јадат храна наменета како жртва на идоли, да не консумираат крв, да не јадат месо од задавени животни и да се пазат од блуд.“ Павле се согласи и веќе следниот ден, заедно со тие луѓе, ја изврши церемонијата на исчистување. Потоа влезе во храмот и го објави датумот кога нивниот завет ќе биде исполнет и кога за секој од нив ќе биде принесена жртва. Токму кога седумте дена беа при крај група Евреи од покраината Азија го видоа Павле во храмот, го фатија, па поттикнаа бунт кај народот, викајќи: „Израелци! Помагајте! Овој е човекот кој секаде каде што оди ги учи луѓето против нашиот народ, им кажува да не се придржуваат до еврејските верски закони и зборува против овој храм! Тој дури се осмели во храмот да доведе неевреи и така да го оскверни ова свето место!“ (Тие претходно го беа виделе во градот ефешанецот Трофим во друштво со Павле и мислеа дека тој го довел и во храмот.) Целиот град се крена на нозе. Се насобра многу народ, го фатија Павле, го извлекоа надвор од храмот и веднаш зад него ги затворија портите. Кога се готвеа да го убијат, до командирот на римскиот полк стигна веста дека целиот Ерусалим е на нога! Тој веднаш повика војници и помлади офицери, па со трчање отидоа кај толпата. Кога ги видоа полковникот и војниците, престанаа да го тепаат Павле. Полковникот го уапси Павле и нареди да го врзат со двојни син?ири. Потоа праша кој е овој човек и каков прекршок сторил. Едни од толпата викаа едно, други друго, па полковникот не можеше ништо да разбере. Затоа нареди да го одведат Павле во тврдината каде што беше сместена војската. Кога дојдоа до скалите, толпата се однесуваше толку насилнички, што војниците мораа да го кренат Павле и да го носат, за да го заштитат. Толпата продолжи да оди по нив и да вика: „Убијте го!“ Пред да влезат во воената тврдина, Павле му рече на полковникот: „Ако ми дозволите, јас би сакал да ви кажам нешто.“ “Зар ти знаеш грчки?“ - му одговори полковникот изненадено. „Значи ти не си оној Египќанец што пред извесно време крена бунт и поведе во пустината четири илјади убијци!“ Павле му одговори: „Јас сум Евреин од познатиот град Тарс во покраината Киликија. Сакам да ве замолам да ми дозволите да им се обратам на луѓето.“ Полковникот му дозволи и Павле застана на скалите. Им мавна со раката да молкнат. Кога настана длабока тишина, тој им се обрати на нивниот, арамејски јазик: „Браќа и татковци! Ислушајте ја мојата одбрана што сега ќе ја изнесам пред вас.“ Кога слушнаа дека им се обраќа на нивниот, арамејски јазик, уште повеќе стивнаа, а Павле продолжи: „Јас сум Евреин. Роден сум во Тарс, град во покраината Киликија, но пораснав и се школував овде, во Ерусалим. Учител ми беше познатиот Гамалиел. Крај неговите нозе научив строго да се придржувам кон правилата и обичаите на нашите предци. Станав ревносен за Бог, исто како што сте и вие денес. Ги прогонував христијаните до смрт. Ги врзував и ги носев в затвор, без разлика дали беа мажи или жени. Ова можат да го потврдат Првосвештеникот и сите старешини. Од нив добив писма за нашите браќа Евреи во Дамаск, со кои ме овластија да одам во Дамаск и да ги апсам тамошните христијани, а потоа, оковани во пранги да ги доведам во Ерусалим за да бидат казнети. Додека се приближував до Дамаск, некаде околу пладне, околу мене ненадејно блесна силна светлина од небото. Паднав наземи ничкум и чув глас како ми се обраќа: ,Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш!?‘ ,Кој сте Вие, Господине?‘ - прашав јас. ,Јас сум Исус од Назарет - Оној што Го прогонуваш!‘ И оние што беа со мене ја виделе светлината, но гласот што ми проговори не го чуле. Тогаш реков: ,Кажи ми што да правам, Господе?‘ ,Стани, оди во Дамаск и таму ќе ти биде кажано се што треба да правиш!‘ - ми одговори Господ. Потоа оние што беа со мене ме водеа до Дамаск, зашто јас бев заслепен од силната светлина и воопшто не можев да гледам. Во Дамаск имаше еден човек по име Ананија. Тој беше побожен човек што се придржуваше до Божјиот Закон и уживаше голем углед кај сите Евреи од тој крај. Тој дојде кај мене, ми пристапи и ми рече: ,Брате Савле, нека ти се врати видот!‘ Истиот миг видот ми се врати и можев да го видам Ананија. Потоа тој ми рече: ,Богот на нашите прадедовци те одбра да се запознаеш со Неговата намера, да го видиш Праведникот и да го слушнеш повикот од Неговата уста. Отсега ти ќе им проповедаш за Него на сите луѓе, ќе им кажуваш за она што си го видел и слушнал. Што чекаш сега? Стани, крсти се и повикај Го Господ да ти ги измие гревовите!‘ Кога се вратив во Ерусалим, еден ден отидов во храмот за да се молам. Во видение Го видов Исуса, Кој ми рече: ,Напушти го Ерусалим што поскоро, зашто тие нема да веруваат кога ќе им сведочиш за Мене!‘ А јас Му реков: ,Господе, зошто да не ми веруваат кога знаат дека јас ги затворав и ги тепав по синагогите оние што веруваа во Тебе!? А кога го каменуваа Твојот сведок Стефан, и јас бев таму. Го одобрував убиството и им ги чував облеките на неговите убијци!‘ Но Господ ми рече: ,Ти наредувам да го напуштиш Ерусалим, зашто Јас те праќам далеку, меѓу нееврејските народи!‘“ Се до овој миг тие го слушаа, но кога го слушнаа последново, почнаа да викаат: „Истребете го овој човек од лицето на земјата! Тој не заслужува да живее!“ Викаа, мавтаа со своите наметки и фрлаа прав во воздухот. Полковникот им нареди на војниците да го внесат Павле во тврдината и да го камшикуваат, за да признае какво злосторство извршил. Сакаше да дознае зошто народот толку гневно вика против него. Кога го врзаа за да го камшикуваат, Павле го праша помладиот офицер што стоеше крај него: „Зар смеете да камшикувате римски граѓанин, кој за ништо не е осуден!?“ Тогаш помладиот офицер му пријде на полковникот и му рече: „Што ќе правиме сега? Овој човек е римски граѓанин!“ Полковникот отиде кај Павле и го праша: „Вистина ли е дека си римски граѓанин?“ “Да!“ - му одговори Павле. Полковникот му рече: „И јас сум римски граѓанин; за тоа платив голема сума пари!“ Во одговор Павле му рече: „Јас сум римски граѓанин по раѓање!“ Војниците што требаше да го сослушуваат Павле веднаш се повлекоа, а се повлече и полковникот, исплашен што нареди римски граѓанин да биде врзан и камшикуван. Следниот ден, сакајќи да дознае за што ќе го обвинат Евреите, полковникот го ослободи Павле од прангите и нареди да се соберат Првосвештениците и сите членови на еврејското собрание, па го доведе Павле и им го предаде на сослушување. Со вперен поглед кон членовите на собранието, Павле им рече: „Браќа, мојата совест пред Бога е чиста се до денес!“ Тогаш Првосвештеникот Ананија им нареди на оние што стоеја покрај Павле да го удрат по устата. Павле му одговори: „Бог ќе те удри тебе, ѕиду варосан! Си седнал да ме судиш според законот, а наредуваш да ме удираат, спротивно на законот!“ Оние што стоеја до Павле му рекоа: „Како се осмелуваш да го навредуваш Божјиот Првосвештеник!?“ Тогаш Павле им се извини: „Не знаев, браќа, дека тој е Првосвештеник, зашто во Светото Писмо пишува: ,Не зборувај лошо за водачот на својот сопствен народ!‘“ Кога Павле забележа дека дел од членовите на собранието се садукеи, а дел се фарисеи, гласно рече: „Браќа, јас сум фарисеј! Сите мои предци биле фарисеи! Овде ми се суди заради тоа што верувам дека ќе има воскресение од мртвите!“ Тоа предизвика расправија меѓу фарисеите и садукеите, па во собранието дојде до поделба. Садукеите тврдеа дека нема ни воскресение, ни ангели, ни духови, а фарисеите веруваат во сето ова. Настана голема викотница. Неколку вероучители од фарисеите станаа и почнаа жестоко да се препираат со садукеите, велејќи: „Не гледаме ништо лошо кај овој човек! Можеби навистина му се јавил дух или ангел и му зборувал!“ Расправијата стануваше се пожестока, па полковникот се исплаши дека ќе го растргнат Павле на парчиња. Затоа нареди војниците да го тргнат оттаму и да го вратат во воената тврдина. Таа ноќ Господ му се појави на Павле и му рече: „Држи се храбро, зашто за Мене ќе треба да проповедаш и во Рим онака како што сведочеше овде во Ерусалим!“ Кога се раздени, група Евреи сковаа заговор. Се заколнаа дека нема ни да јадат, ни да пијат, се додека не го убијат Павле. Во заговорот зедоа учество повеќе од четириесет мажи. Тие отидоа кај Првосвештеникот и старешините, па им рекоа: „Ние се заколнавме ништо да не ставаме в уста, се додека не го убиеме Павле. Затоа јавете му на полковникот да го доведе Павле во собранието, божем имате намера поподробно да го испрашувате, а ние, уште пред тој да втаса овде ќе му поставиме заседа и ќе го убиеме.“ Но синот на Павловата сестра разбра за овој заговор, па отиде во воената тврдина и му кажа на Павле. Павле викна еден од офицерите и му рече: „Одведи го ова момче кај полковникот. Има нешто важно да му пренесе.“ Офицерот го одведе и му рече на полковникот: „Затвореникот Павле ме викна и ме замоли да го доведам ова момче кај вас, зашто имало нешто важно да ви каже.“ Полковникот го фати за рака момчето, го одведе настрана и го праша: „Што сакаш да ми кажеш?“ Момчето му рече: „Евреите се договорија да ве замолат утре да го доведете Павле во собранието, како божем да имаат намера поподробно да го испрашаат. Немојте да ги послушате, зашто повеќе од четириесетмина Евреи му поставија заседа за да го убијат! Се заколнале дека нема да јадат и пијат, се додека не го убијат. Веќе демнат во заседа и чекаат само вие да го одобрите нивното барање.“ Полковникот го пушти момчето, наредувајќи му на никого да не кажува дека го известил за заговорот. Потоа полковникот викна двајца од своите офицери и им рече: „Одберете двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, и наредете им да се подготват вечерва во девет часот да заминат за Цезареја. Обезбедете за Павле добиток за јавање, за безбедно да го одведете кај гувернерот Феликс.“ Потоа напиша писмо за гувернерот, со следнава содржина: „Од Клавдиј Лисиј, до почитуваниот гувернер Феликс. Ве поздравувам! Ви испраќам еден човек кого Евреите го беа фатиле и се подготвуваа да го убијат. Кога дознав дека е римски граѓанин јас отидов со војска и го ослободив. Сакајќи да дознаам за што го обвинуваат Евреите, го изведов пред нивното собрание. Така дознав дека го обвинуваат за работи од нивниот верски Закон, но не беше виновен за нешто што заслужува смртна казна, или затвор. Откако ми беше јавено дека против овој човек се подготвува заговор, со закана да го убијат, веднаш го испраќам кај Вас, а ги известив и оние што имаат обвинение против него да дојдат кај Вас, и таму да ги изнесат своите обвиненија.“ Уште истата ноќ, војниците го одведоа Павле до Антипатрида, како што им беше наредено. Следниот ден, пешаците се вратија во воената тврдина, а коњаниците го одведоа кон Цезареја. Кога пристигнаа во Цезареја, му ги предадоа писмото и Павле на гувернерот Феликс. Гувернерот го прочита писмото и го праша Павле од која покраина потекнува, па кога дозна дека е од Киликија му рече: „Ќе те сослушам кога ќе пристигнат и твоите обвинители.“ Потоа нареди да го одведат и да го чуваат под стража во Иродовата палата. По пет дена дојде Првосвештеникот Ананија со неколку старешини и со еден адвокат по име Тертул, кој го изнесе пред гувернерот обвинението против Павле. Го повикаа Павле и Тертул почна да го изнесува обвинението: “Почитуван гувернеру! Под Вашето владеење ние, Евреите, живееме во мир и спокојство. Вашата далековидост доведе до многу реформи за овој народ. За тоа секогаш и секаде Ви оддаваме признание, честити Феликсе, со голема благодарност. Но сега, за да не го трошам напразно Вашето време, Ве молам, знаејќи ја Вашата љубезност, накратко да ме ислушате. Ние утврдивме дека овој човек е вистинска напаст, кој предизвикува препирки меѓу Евреите по целиот свет! Тој е челник на назаретската секта. Се обиде дури и храмот да го оскверни, но ние го уапсивме (и сакавме да му судиме според нашиот закон. Тогаш дојде полковникот Лисија и со голема војска насилно ни го одзеде, наредувајќи ни оние што имаат обвинение против него да дојдат кај Вас.) Сега Вие можете да го сослушате и да дознаете за што го обвинуваме.“ И другите Евреи го потврдуваа тоа што го зборуваше Тертул. Гувернерот му даде знак на Павле дека може да зборува. Павле рече: “Знам, господине, дека Вие веќе долго време му служите како судија на нашиот еврејски народ и добро ги познавате работите за кои сум обвинет, и затоа јас со голема доверба во вас ќе ја изложам својата одбрана. Лесно ќе дознаете дека јас во Ерусалим пристигнав на поклонение во храмот пред дванаесетина дена. Ниту во храмот ме затекнале со некого да се расправам, ниту во синагогите, ниту пак во градот сум го подбуцнувал народот на бунт. Тие не можат да го докажат она за што ме обвинуваат. Јас овде, пред Вас, признавам дека сум следбеник на Христовото учење што тие го нарекуваат секта и на тој начин Му служам на Богот на нашите татковци, верувајќи во се што е запишано во Мојсеевите книги и во книгите на пророците. И јас, како и тие, верувам во Бог и уверен сум дека Тој ќе ги воскресне мртвите, како праведните, така и неправедните. Заради тоа правам се што знам и умеам, та мојата совест пред Бог и пред луѓето секогаш да биде чиста. По повеќе години отсуство се вратив во Ерусалим, носејќи со себе доброволни прилози, за да му помогнам на мојот народ и да Му принесам жртви на Бог. Овие што ме обвинуваат ме видоа во храмот кога веќе го бев завршил церемонијалното исчистување. Околу мене ниту имаше насобрано луѓе, ниту имаше некаков бунт. Имаше само неколку Евреи дојдени од покраината Азија, кои требаше да бидат присутни, и ако имале нешто против мене, овде пред Вас нека го изнесат. Нека кажат овие што дојдоа да ме обвинат, какво злосторство најдоа во мене кога ме изведоа пред еврејското народно собрание, освен тоа што гласно изјавив: ,Денеска овде мене ми се суди затоа што верувам во воскресението на мртвите!‘“ Тогаш Феликс, кој добро го познаваше Христовото учење, го одложи сослушувањето, со вакво образложение: „Ќе почекаме полковникот Лисија да дојде овде. Тогаш ќе пресудам во врска со вашиот случај.“ Потоа му нареди на офицерот да го задржат Павле во притвор, но да му дадат извесна слобода и да не спречуваат никој од неговите блиски да го посетува и да му помага. По неколку дена, дојде Феликс со својата жена Друсила, која беше Еврејка. Го повикаа Павле да им зборува за верата во Исус Христос. Додека тој зборуваше за праведноста, за зауздување на телесните страсти и за Божјиот суд што претстои, Феликс се исплаши и му рече: „Оди си сега! Кога ќе имам време, пак ќе те викнам.“ Феликс, всушност, се надеваше дека од Павле ќе добие мито и затоа честопати го викаше и разговараше со него. Така поминаа цели две години. Тогаш на местото на Феликс дојде Порциј Фест. Сакајќи да им угоди на Евреите, Феликс го остави Павле в затвор. Три дена по преземањето на власта во покраината, Фест отпатува од Цезареја за Ерусалим. Таму Првосвештениците и еврејските челници му го изнесоа своето обвинение против Павле, па го молеа да им направи услуга и да го префрли Павле во Ерусалим, а всушност коваа заговор по пат да го убијат. Но Фест им одговори дека Павле ќе биде задржан во Цезареја, каде што и тој самиот има намера набргу да се врати, па ако тие имаат нешто против Павле нека дојдат со Фест неколку поистакнати луѓе кои ќе поведат обвинение против него. По осум до десет дена, Фест се врати во Цезареја. Следниот ден седна во судот и нареди да го доведат Павле. Околу него се насобраа Евреите кои беа дошле од Ерусалим и изнесоа многу тешки обвиненија против Павле, но не можеа да ги докажат. Павле, бранејќи се, рече: „Јас не сум згрешил ни против еврејскиот Закон, ни против храмот, ниту против императорот!“ Фест, сакајќи да им угоди на Евреите, му рече на Павле: „Дали сакаш да одиме во Ерусалим и таму да ти судам во врска со ова?“ Павле рече: „Не! Ова е суд на Римската империја и овде треба да ми биде судено. На Евреите ништо лошо не сум им сторил, како што и самиот знаете. Ако сум навистина виновен, ако сум направил нешто што заслужува смртна казна, јас не се противам таа и да се изврши. Но ако обвинувањата против мене се неосновани, никој нема право да ме предаде на овие луѓе да ме убијат! Сакам да се жалам пред императорот!“ Тогаш Фест се посоветува со судскиот совет и му одговори: „Добро, штом сакаш да се жалиш пред императорот, ќе те пратам кај императорот!“ По неколку дена, во Цезареја дојдоа царот Агрипа и неговата сестра Берника, за да му честитаат на Фест, кој неодамна стана нов гувернер. Во текот на нивниот неколкудневен престој, Фест му го изложи на царот случајот на Павле, велејќи: „Имам еден неосуден затвореник, останат уште од времето на Феликс. Кога бев во Ерусалим, еврејските Првосвештеници и старешини го обвинија пред мене и побараа да го осудам. Се разбира, јас им одговорив дека Римјаните немаат обичај да ги осудуваат обвинетите, без да им дадат можност да се соочат со обвинителите и да ја изложат својата одбрана. Затоа тие дојдоа овде и јас без одлагање, веќе следниот ден, седнав во судот и наредив да го доведат човекот. Кога обвинителите станаа да зборуваат, обвиненијата што ги изнесоа воопшто не беа толку страшни колку што јас очекував. Се препираа околу нивната вера, за некојси Исус, Кој умрел, а за Кого Павле тврдеше дека е жив. Јас не бев сигурен како да ја водам истрагата, па го прашав Павле дали би сакал да му биде судено во Ерусалим. Но Павле се повика на правото да се жали пред императорот и јас наредив да остане под стража, се додека не извршам подготовки да го испратам кај императорот.“ Агрипа му рече на Фест: „И јас би сакал да го сослушам тој човек!“ “Утре ќе го сослушате!“ - му рече Фест. И така, утредента дојдоа Агрипа и Берника со голема помпезност и влегоа во судската сала, придружувани од офицери и угледни личности од градот. Потоа Фест нареди да го доведат Павле. Фест рече: „Царе Агрипа и сите што сте овде со нас. Пред вас е човекот за кого целата еврејска заедница, и овде и во Ерусалим, бара смртна казна. Јас утврдив дека тој не направил никаков престап што би заслужувал смртна казна, но тој побара да биде испратен кај императорот и јас го одобрив тоа. Но јас не знам што да му напишам на нашиот владетел! Затоа го изведов пред сите Вас, а особено пред вас, царе Агрипа, за да го сослушаме па да знам што да напишам, зашто ми се чини дека е бесмислено кај императорот да испратам затвореник, а да не ги изложам и обвиненијата против него!“ Потоа Агрипа му рече на Павле: „Можеш да почнеш да ја изложуваш својата одбрана.“ Тогаш Павле ја испружи раката во знак на поздрав, и ја започна својата одбрана: „Царе Агрипа, имам голема среќа што можам пред Вас да ја изнесам мојата одбрана во врска со се она за што ме обвинуваат Евреите, зашто вие сте добар познавач на еврејските обичаи и расправии. Затоа ве молам внимателно да ме ислушате. Сите Евреи знаат каков беше мојот живот уште додека бев млад, кога живеев во Ерусалим, меѓу мојот народ. Ме познаваат веќе долго време и ако сакаат можат да потврдат дека јас бев фарисеј, што значи дека живеев според најстрогите прописи на нашата вера. Сега сум изведен пред суд, затоа што верувам дека Бог ќе го исполни она што им го вети на нашите прататковци. А сите дванаесет еврејски племиња ревносно Му се поклонуваат на Бог ден и ноќ, очекувајќи го исполнувањето на истата вера! Заради таа моја вера, царе, јас денеска сум обвинет од Евреите. Зошто вам ви се чини неверојатно дека Бог ќе ги воскресне мртвите!? Порано и јас верував дека треба со сите свои сили да им се противставам на следбениците на Исус од Назарет. Така и правев. Имав добиено овластување од Првосвештениците, па многу христијани од Ерусалим одведов в затвор. Кога им се судеше и кога беа осудувани на смрт и јас гласав против нив. Ги казнував по сите синагоги и со примена на сила се обидував да ги натерам да Го навредуваат Христос. Толку строг бев против нив, што ги прогонував дури и во далечни градови, надвор од нашата земја! При еден таков потфат тргнав за Дамаск со овластување и задача од Првосвештениците. Додека патував, Ваше Величество, сред бел ден видов светлина посилна од сончевата што блесна во мене и во моите придружници. Сите паднавме наземи! Тогаш јас слушнав глас, кој на еврејски јазик ми рече: ,Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш!? Лошо ќе поминеш ако клоцаш против остен!‘ ,Кој сте Вие, Господине?‘ - прашав, а Господ ми одговори: ,Јас сум Исус, Оној што Го прогонуваш! Стани, исправи се на нозе! Јас ти се појавив за да те назначам за Свој служител и сведок: да им го кажуваш на луѓето ова што го виде и она што допрва ќе ти го откријам. А јас ќе те заштитувам од твојот народ и од другите народи кај кои те испраќам за да им ги отвориш очите, па да се обратат од темнина кон светлина, од власта на Сатаната кон Бог. Така ќе добијат простување за своите гревови и наследство заедно со сите други што станаа Божји народ, одбрани преку вера во Мене.‘ Така, царе Агрипа, јас не откажав послушност спрема ова видение што ми дојде од небото. Почнав да им проповедам, најпрво на Евреите во Дамаск, а потоа во Ерусалим и во сите области на Јудеја. Потоа продолжив да им проповедам и на нееврејските народи, да им објаснувам дека треба да се покаат и да се свртат кон Бог, и со своето поведение на дело да потврдат дека навистина се покајале. Поради ова, додека бев во храмот, група Евреи ме фатија и се обидоа да ме убијат. Но се до денешен ден Бог ми беше на помош и еве стојам овде и им сведочам на сите, на обични луѓе и на моќници. Не проповедам ништо различно од она што е веќе претскажано од пророците и од Мојсеј: дека Месијата требаше да настрада и дека како првовоскреснат од мртвите Тој им ја покажа светлината и на Евреите и на сите други народи.“ Ненадејно Фест стана и почна да вика: „Си споулавел, Павле! Од многу читање си се мрднал од умот!“ „Не сум споулавел, честити Фесте!“ - рече Павле. „Тоа што го зборувам е разумно и вистинито! Царот Агрипа добро ги познава овие работи и затоа јас толку слободно зборувам пред него. Уверен сум дека ништо од сево ова не му е непознато, бидејќи ова не се одигруваше во некое зафрлено ќоше! Верувате ли, царе Агрипа, во она што го пишале пророците? Знам дека верувате!“ Агрипа му одговори: „За малку и мене ќе ме убедиш да станам христијанин!“ На тоа Павле му рече: „Му се молам на Бог, за малку или за многу не само Вие, туку и сите што денес ме слушате да станете такви луѓе каков што сум јас, но без окови!“ Тогаш царот, гувернерот, Берника и сите што седеа со нив станаа, и на заминување си рекоа меѓу себе: „Овој човек нема направено ништо што би заслужувало смртна казна или затвор!“ А Агрипа му рече на Фест: „Ако овој човек не беше побарал да оди кај императорот, можеше веднаш да биде ослободен!“ Кога беше решено да не носат за Италија, Павле и неколку други затвореници, му беа предадени на еден офицер од Августовиот полк по име Јулиус. Се качивме на еден брод, чие матично пристаниште беше Адрамитија. Тој се подготвуваше да плови покрај местата од брегот на Азија што ни беа на пат. Со нас беше и Аристарх, Македонец од Солун. Следниот ден пристигнавме во Сидон. Римскиот офицер Јулиус беше многу љубезен со Павле и му дозволи да отиде кај неговите пријатели, за да го снабдат со се што му е потребно. Откако отпловивме оттаму, скршнавме накај Кипар, зашто ветровите не ни дозволуваа да продолжиме во планираната насока. Поминавме покрај бреговите на покраините Киликија и Памфилија, па дојдовме до местото Мира во покраината Ликија. Таму офицерот најде еден египетски брод од Александрија што требаше да плови за Италија и не префрли на него. Долго време пловевме бавно и тешко и одвај дојдовме до брегот на Книд. Ветрот не ни дозволуваше да впловиме во Книд, па отпловивме на спротивната страна од островот Крит, заобиколувајќи го ’ртот Салмона. Со голема мака го заобиколивме и дојдовме до местото наречено Добри Пристаништа, близу до градот Ласеја. Изгубивме многу време и повеќе не беше безбедно да се плови, зашто веќе беше поминал и Големиот есенски пост, па Павле ги советуваше одговорните на бродот: „Луѓе, гледам дека пловидбата тешко ќе оди и ќе има големи опасности, не само за товарот и бродот, туку и за нашите животи.“ Меѓутоа офицерот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот, отколку на она што го рече Павле. Ова пристаниште не беше погодно за презимување, па мнозинството реши да отпловиме оттаму и да се обидеме да допловиме до Феникс, па да презимиме во тоа критско пристаниште, свртено и кон југозапад и кон северозапад. Кога дувна тивок јужен ветер, морнарите мислеа дека условите се поволни, па ја дигнаа котвата и запловија крај брегот на Крит. Но по кратко време дувна против нас ветер со ураганска сила, наречен североисточник. Зафатени од ветерот и не можејќи да пловиме наспроти него, кренавме раце и се препуштивме ветерот да не носи. Кога поминавме во завет на едно островче наречено Кавда, одвај успеавме да го зачуваме чамецот за спасување, кој беше трескан од брановите. Морнарите го качија горе и го врзаа со јажиња за бродот. Постоеше опасност да заринкаме на песочните наноси кај Сирт, па затоа ја спуштија котвата и го оставија бродот слободно да плови. Следниот ден бурата толку силно не фрлаше наваму-натаму што морнарите почнаа да го исфрлаат товарот в море. На третиот ден ја исфрлија и опремата на бродот, а и се што им дојде под раце. Веќе долго време не се појавуваа ни сонцето, ниту ѕвездите, а бурата продолжуваше да беснее, така што конечно изгубивме секаква надеж дека ќе се спасиме. Луѓето веќе долго време немаа апетит и не јадеа. Тогаш стана Павле и им рече: „Требаше да ме послушате и да не испловите од Крит. Така ќе се поштедевте од овие неволи и загуби. Сега ве советувам да се држите храбро, зашто никој од вас нема да загине. Ќе биде уништен само бродот. Минатата ноќ застана крај мене ангел пратен од Бога, Кому јас Му припаѓам и служам, и ми рече: ,Не плаши се, Павле! Ти сигурно ќе стигнеш до императорот, а заради тебе, Бог ќе им ги поштеди животите и на сите што пловат со тебе.‘ Затоа, луѓе, разведрете се! Јас верувам дека тоа што Бог ми го кажа ќе се оствари. Ќе бидеме исфрлени на некој остров, но бродот ќе биде уништен.“ Кога дојде четиринаесеттата ноќ, откако бурата не фрлаше наваму-натаму низ Адријанското Море, некаде околу полноќ, морнарите забележаа дека се приближуваме до некое копно. Ја измерија длабочината и утврдија дека изнесува околу триесет и седум метри. Пловеа уште малку, па пак ја измерија длабочината која сега изнесуваше само дваесет и седум метри. Плашејќи се да не удриме во подводни карпи, тие фрлија четири котви од задниот дел на бродот и со трепет чекаа да осамне. Тогаш морнарите се обидоа да побегнат од бродот. Почнаа да го спуштаат чамецот за спасување, под изговор дека од предницата на бродот ќе спуштаат котви. Но Павле им рече на офицерот и на војниците: „Ако морнарите не останат на бродот, нема ни вие да се спасите!“ Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на кои висеше чамецот за спасување и го пуштија да падне и да отплови. Пред да осамне, Павле ги молеше сите да јадат, велејќи им: „Денес е веќе четиринаесетти ден како гладувате. Ништо не сте ставиле в уста. Ве молам, каснете нешто. Тоа ќе ви помогне да се спасите. На никого од вас ниту влакно од главата нема да му недостасува.“ Кога им го рече ова, самиот зеде леб, Му заблагодари на Бог пред сите, и почна да крши од лебот и да јаде. Тогаш сите луѓе се охрабрија и почнаа да јадат. На бродот имаше двесте седумдесет и шест души. Откако се најадоа, го исфрлија житото в море, за да го олеснат бродот. Кога се раздени, морнарите видоа копно, но не можеа да препознаат за која земја се работи. Забележаа залив со достапен брег и решија да се обидат со бродот да пријдат кон брегот. Ги одврзаа котвите и ги спуштија во морето. Ги разлабавија јажињата на кормилата, го кренаа предното платно спроти ветрот и се упатија накај брегот. Но бродот удри во гребен меѓу две морски струи и предницата на бродот заринка, па не можеше да се помрдне, а задниот дел почна да напукува од ударите на брановите. Војниците имаа намера да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне, но офицерот ги спречи, сакајќи да го поштеди Павле. Тој нареди оние што знаат да пливаат први да скокнат од бродот и да пливаат накај копното, а другите да се спасуваат на штици и на други остатоци од бродот. Така сите се спасија и стигнаа на копното. Откако се спасивме, дознавме дека се наоѓаме на островот Малта. Островјаните беа мошне љубезни спрема нас. Бидејќи врнеше дожд и беше студено, тие запалија оган и сите не прибраа. Павле собра еден куп суварки и ги ставаше врз огнот, а една змија гонета од огнот излезе од суварките и му се впи во раката. Кога островјаните ја видоа змијата како виси на неговата рака, си проговорија меѓу себе: „Овој човек мора да е убиец! Се спаси од морето, но правдата не го остава да живее!“ Но Павле ја истресе змијата во огнот и немаше никакви последици по неговото здравје. Луѓето очекуваа Павле да отече или веднаш да падне мртов, но откако подолго време гледаа и чекаа, а со него ништо не се случи, си го сменија мислењето и си говореа дека тој човек е бог! Во близината на тоа место имаше имот што му припаѓаше на Публиј, поглаварот на островот. Тој, најљубезно не прими и три дена не гоштаваше. Таткото на Публиј лежеше в постела, зашто имаше треска и страдаше од дизентерија. Павле му пријде, се помоли за него, ги положи рацете врз него и го исцели. По тој настан и други луѓе од островот што беа болни доаѓаа кај Павле и тој ги исцелуваше. Заради ова, островјаните ни искажаа многу почести, а кога повторно испловивме, ни дадоа се што ни беше потребно за пловидбата. По три месеци се качивме на еден брод од Александрија, што го носеше знакот на римските богови - близнаци и ја беше минал зимата на Малта. Стигнавме во Сиракуза и таму останавме три дена. Оттаму, пловејќи покрај брегот, стигнавме во Регија. Утредента дувна јужен ветер, па по два дена стигнавме во Путеоли. Таму најдовме неколку христијани, кои не поканија да останеме кај нив седум дена. Потоа продолживме кон Рим. Тамошните христијани, откако слушнале за нас, дојдоа да не пречекаат уште кај Форумот на Апиј, а други ни се придружија кај Трите Крчми. Кога Павле ги виде, Му заблагодари на Бог и се охрабри. Сега, кога веќе беше во Рим, на Павле му беше дозволено да живее каде што сака, чуван од само еден војник. По три дена Павле ги повика водачите на тамошните Евреи и им рече: „Јас, браќа, иако не направив ништо што би било на штета на нашиот народ или на обичаите на нашите предци, бев уапсен од Евреи во Ерусалим и предаден на римската власт. Римјаните, откако ме сослушаа, сакаа да ме ослободат, бидејќи не најдоа никаква вина што би заслужувала смртна казна, но кога Евреите се противставија на тоа, иако не можеа против мене да изнесат никакво обвинение, јас бев принуден да барам заштита од императорот. Затоа ве викнав, за да се запознаам со вас и да ви објаснам дека јас ги носам овие окови поради тоа што верувам оти она на што се надеваше Израел - Месијата, веќе дојде.“ Тие му одговорија: „Ние ниту сме добиле писмо во врска со тебе од Јудеја, ниту пак некој наш брат дошол да ни каже нешто лошо за тебе. Сакаме од тебе да слушнеме што мислиш ти за христијанството, зашто слушаме дека насекаде се зборува против него.“ Определија ден и многумина дојдоа во неговата изнајмена куќа, а тој од утро до мрак им објаснуваше и им говореше за Божјото царство, ги уверуваше за Исус, читајќи им од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците. Некои се убедија од она што беше кажано, а некои не поверуваа. Се појавија несогласувања, па почнаа да си заминуваат, а Павле им рече: „Во право беше Светиот Дух кога преку пророкот Исаија за вашите предци рече: ,Оди кај овој народ и речи му: Ќе го слушате Моето Слово, но нема да го разберете; ќе ги гледате Моите дела, но нема да ги сфатите! Зашто, срцата на овие луѓе им се закоравени! Со ушите одвај слушаат, а очите си ги затвораат! Не сакаат да видат, да слушнат, да разберат, па да се свртат кон Мене за да ги исцелам!‘ Затоа сакам да знаете дека ова спасение од Бог е испратено и за нееврејските народи и тие ќе го прифатат!“ (Откако го рече ова, Евреите си заминаа, жестоко препирајќи се меѓу себе.) Таму Павле остана цели две години во изнајмена куќа и ги примаше сите што му доаѓаа, проповедајќи им за Божјото царство и поучувајќи ги за Господ Исус Христос, слободно и непречено. Од Павле, во служба на Исус Христос, повикан од Бог да бидам Негов апостол и да се посветам на проповедање на Радосната вест. Таа Радосна вест Бог уште одамна ја вети, преку Своите пророци во Светите писма. Радосната вест зборува за Неговиот Син. Тој според Својата човечка природа беше потомок на царот Давид. Што се однесува до Неговата божествена светост, огромна сила потврди дека Тој е Божјиот Син кога Бог Го воскресна од мртвите. Тоа е Исус Христос, нашиот Господ. Преку Него и во Негово име Бог ни ја даде таа привилегија да бидеме Негови апостоли и да ги повикуваме луѓето од сите народи да веруваат во Бог и да Му бидат послушни. Меѓу оние што се повикани да Му припаѓаат на Исус Христос сте и вие, драги христијани во Рим. Вие сте Му мили на Бог и Тој ве повикува да бидете Негов свет народ. Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир. Најнапред сакам да Му заблагодарам на мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, бидејќи за вашата вера се раскажува по целиот свет. Бог, Кому јас Му служам со сето свое срце и ја проповедам Радосната вест за Неговиот Син, Тој ми е сведок дека во моите молитви постојано си спомнувам за вас. Секогаш во моите молитви барам, ако е Божја волја, патот да ме наведе еднаш да дојдам кај вас. Копнеам да ве видам, за да можам да споделам со вас некој духовен дар, па да зацврснете. Сакам да ве охрабрам во вашата вера, но сакам и јас да се охрабрам од вас. Сакам да знаете, драги пријатели, дека многупати посакував да дојдам кај вас, за да има плодови и меѓу вас од мојата работа, како што има меѓу другите народи. Но се досега бев спречен. Се чувствувам должен и спрема просветените народи и спрема варварите, и спрема мудрите и спрема неразумните, па, колку што тоа зависи од мене, желен сум да дојдам и кај вас во Рим, за да ви ја проповедам Радосната вест. Не, јас не се срамам од Радосната вест за Христос. Таа е силата со која Бог ќе го спаси секој што верува: почнувајќи од Евреите, а потоа и другите народи. Таа ни открива дека Бог не оправдува само преку вера. Токму тоа и го пишува во Светото Писмо: „Праведникот ќе живее преку вера.“ Бог го излева Својот гнев од небото против сите безбожни и неправедни луѓе, што ја отфрлаат вистината, затоа што тие го имаат неопходното знаење за Бог, Кој кај сите нас го има всадено тоа знаење. Она што кај Бог е невидливо, имено Неговата вечна моќ и божествена природа, можат јасно да се согледаат уште од создавањето на светот и да се разберат преку се што е создадено. Затоа нема оправдување за оние што немаат почит спрема Бог. Значи, тие знаат за Бог, но ниту Го почитуваат како Бог, ниту Му се благодарни. Напротив, си измислија свои богови, а умовите им се помрачија и збркаа. Се сметаа за мудри, но испаднаа глупави. Наместо да Го слават бесмртниот Бог, тие слават ликови на смртни луѓе, на птици, четвороножни животни и влечуги. Затоа Бог ги препушти да ги води похотата на нивните срца, да се опогануваат, еден со друг да си ги обесчестуваат телата. Ја заменија вистината за Бог со лага, па му служат и му се поклонуваат на создаденото, а не на Создателот, Кој е благословен за вечни времиња. Амин! Поради тоа Бог ги препушти на нивните срамни страсти. Дури и нивните жени веќе не водат љубов на природен начин, туку прават противприродни работи. Истото го прават и мажите. Напуштајќи го природниот однос со жените, ги распалуваат страстите еден спрема друг, мажи со мажи прават срамни нешта и врз себе добиваат заслужена казна за својата расипаност. Бидејќи тие одбија да го прифатат Бога во своите умови, Тој ги препушти на нивните изопачени умови, да прават непристојни работи. Се исполнија со секаков вид неправедност, лошотија, алчност, злоба, завист, убиства, раздор, измама, подмолност и озборувања. Клеветат, Го мразат Бога, дрски се, арогантни, фалба?ии, постојано измислуваат нови начини да направат некое зло. Непослушни се спрема родителите, неразумни, ветеното не го исполнуваат, бездушни се и безмилосни. Иако знаат дека според Божјиот праведен Закон сите што така постапуваат заслужуваат смрт, сепак, не само што си тераат по свое, туку ги поттикнуваат и другите така да прават. Затоа, ниеден човек нема оправдување! Дури ни тој што ги осудува таквите постапки, зашто и самиот е виновен за нив. Тој што им пресудува на другите си пресудува и себеси! Знаеме дека Бог е справедлив и ќе ги казни сите што прават такви работи. Немој да мислиш дека Бог ќе ги казни другите луѓе за нивните грешни постапки, а ти за слични постапки ќе ја избегнеш Божјата казна! Не сфаќај ја погрешно Божјата прекумерна добрина, воздржливост и долгата трпеливост спрема тебе! Божјата добрина ти дава време за да се покаеш! Ако останеш тврдоглав и не се покаеш, си собираш гнев против себе со кој Бог справедливо ќе те казни на Судниот ден, кога Бог на секого ќе му плати според неговите дела. На оние што истрајуваат во вршењето добри дела, и во копнежот по небесна слава, чест и бесмртност, Бог ќе им даде вечен живот, а врз оние што се себични, што одбиваат да ја слушаат вистината, а го следат злото, Бог ќе излее гнев и лутина. Маки и страдања ќе има за сите што прават зло, прво за Евреите, а потоа и за другите народи, а слава, чест и мир за сите што прават добро, прво за Евреите, а потоа и за другите народи. Кај Бог нема пристрасност! Кога грешат неевреите, Бог ќе ги казни, без оглед на тоа што ним не им бил даден Божјиот Закон во пишана форма. Кога грешат Евреите, Бог и нив ќе ги казни, бидејќи тие го знаат Божјиот Закон и ќе бидат судени според него. Зашто не се станува праведник пред Бог само со познавање на Законот, туку со придржување кон него. Кога неевреите, кои го немаат Божјиот Закон во пишана форма, инстинктивно се придржуваат кон заповедите што произлегуваат од него, тоа покажува дека длабоко во себе тие умеат да го разликуваат доброто од злото. Тоа е доказ дека она што Божјиот Закон го бара е запишано во нивните срца. За нив мерило за поведението е нивната совест, која им кажува кога некоја нивна постапка е за осуда, а кога е оправдана. Ќе дојде ден кога Бог, преку Исус Христос, ќе го суди она што е скриено во луѓето, како што кажува Радосната вест што јас ја проповедам. Ако си Евреин, ти се потпираш на Божјиот Закон, фалејќи се со посебната поврзаност на твојот народ со Бог. Ја познаваш Божјата волја и знаеш да го одбереш она што е најдобро, бидејќи си учел од Божјиот Закон. Уверен си дека можеш да им бидеш водач на слепите, светло на луѓето што се загубени во мрак, не познавајќи го Бога. Сметаш дека можеш да ги упатуваш неупатените и да ги учиш незрелите, уверен дека Божјиот Закон ти дал совршено познавање на вистината. Но, учејќи ги другите, зошто самиот не се поучиш!? Ти што проповедаш да не се краде, дали и самиот не крадеш!? Ти што други учиш да не прават прељуби, дали и самиот не правиш прељуби!? Ти што се гнасиш од идоли, дали и самиот не крадеш од храмовите? Толку се фалиш со Божјиот Закон, а го прекршуваш, и Му нанесуваш срам на Бог! Токму така и стои запишано во Светото Писмо: „Поради вас другите народи го навредуваат Божјото име!“ Од еврејскиот обичај на обрежување има полза само ако се придржуваш кон Божјиот Закон. Ако го прекршуваш, твоето обрежување е безвредно. Затоа, ако необрезан човек се придржува кон Божјиот Закон, зарем нема да се смета за еднакво добар со обрежаните? Оние што телесно не се обрежани, а се придржуваат кон Божјиот Закон, ќе ве судат вас кои, иако го имате Божјиот Закон во пишана форма и сте обрежани, сепак го прекршувате. Зашто, да се биде вистински Евреин не се доволни само телесните податоци и телесното обрежување, туку вистински Евреин е оној чие срце му припаѓа на Бог, а вистинско обрежување е духовниот препород во срцето. Тоа е дело на Светиот Дух, а не на пишаниот Закон. Оној што доживеал таква промена, ќе бара пофалба од Бог, а не од луѓето. Тогаш, во што е предноста да се биде Евреин? Има ли обрежувањето некаква вредност? Предноста е голема, во секој поглед! Како прво, Светото Писмо им беше доверено на Евреите. Навистина, некои од нив ја изневерија Божјата доверба, но дали тоа значи дека и на Бог не може да Му се верува? Секако не! Дури и сите луѓе да испаднат лажливци, на Бог може да Му се верува, како што стои запишано во Светото Писмо: „Ќе се покаже дека вистината ја зборуваш, пред судот победа ќе извојуваш.“ Има луѓе што велат: „Нашите гревови служат за да дојде до израз Божјата добрина, кога Тој ќе ни ги прости. Зарем тогаш не е неправедно Бог да не казнува?“ (Да, има луѓе што токму така зборуваат.) Се разбира дека не е неправедно! Да е така, како би можел Бог да му суди на светот? Можеби некој ќе рече: „Ако преку мојата лага уште повеќе доаѓа до израз Божјата вистина и се возвишува Неговата слава, зошто тогаш Бог да ме смета за грешник и да ме осудува?“ Ако така размислувате, ќе испадне дека колку повеќе грешиме, толку е подобро! Се разбира дека не е така, иако некои луѓе ме клеветат дека јас така сум проповедал! Тие што така размислуваат, си ја заслужуваат казната што ќе ги снајде! Значи, дали ние Евреите сме подобри од другите народи? Не, не сме. Ние веќе рековме дека и Евреите, како и другите народи, се под власта на гревот. Како што е напишано во Светото Писмо: “Нема ниту еден праведен човек, ниту еден единствен; ниту еден што разбира, ниту еден што Го бара Бога. Сите скршнаа од правиот пат, сите се израсипаа. Нема ниту еден единствен човек што прави добро.“ „Грлата нивни - гробови отворени, јазиците само за злобни лаги им служат.“ „Зад усните змиски отров кријат.“ „Устите им со клетви и горчина се полни.“ „Брзи се стапалата нивни да пролеваат крв. Кај ќе стапнат - пустош и беда носат! За мирољубивост не знаат.“ „Ни трошка страв и почит спрема Бог кај нив нема.“ А јасно е дека одредбите на Божјиот Закон се наменети за луѓето на кои им беше даден. Ниеден човек нема изговор, а врз основа на тој Закон Бог може целиот свет да го осуди. Со придржување кон Законот никој не може да се здобие со праведност во Божјите очи. Преку Законот само стануваме свесни за нашата грешност. Сега Бог ни покажа како можеме да се здобиеме со праведност: не преку придржување кон уредбите во Мојсеевиот Закон, туку онака како што одамна беше ветено во Светото Писмо: пред Бог можеме да се здобиеме со праведност само преку вера во Исус Христос. Тоа важи за секој што верува, бидејќи меѓу луѓето нема никаква разлика, зашто сите згрешија и никој не успеа да ги достигне Божјите возвишени стандарди. Но поради Својата милостива благонаклоност, Бог не прогласува за праведни. Оправданието ни е подарено преку откупот што за нашите гревови го плати Исус Христос. Него Бог јавно Го испрати да биде помирителна жртва за оние што со вера го прифаќаат тоа. Бог ни покажа дека беше праведен во минатото кога трпеливо преминуваше преку гревовите на луѓето за потоа да ги наплати преку жртвуваната крв на Исус Христос. Бог ни покажува дека е праведен и сега кога го оправдува секој што верува во Исус. Така Неговата праведност никогаш не е доведена во прашање. Има ли тука место некој од нас да се фали? Таквата можност е целосно исклучена! Според кој закон фалењето е исклучено: според оној на нашите постигнувања ли? Не, туку според законот што се темели врз верата! Ние согледуваме дека човек се оправдува пред Бог преку верата, а не преку придржување кон уредбите во Законот. Зар Бог им припаѓа само на Евреите? Зарем Тој не е Бог и на сите други народи? Се разбира дека е! Има само еден Бог и Тој ги оправдува и обрежаните и необрезаните само врз основа на нивната вера. Значи ли тоа дека ние, истакнувајќи ја верата, го поништуваме Божјиот Закон? Никако! Всушност, само ако имаме вера можеме вистински да го исполниме она што го бара Божјиот Закон. Авраам беше биолошки прататко на еврејскиот народ. Како стекна праведност тој? Ако Авраам стекна праведност пред Бог врз основа на своите добри дела, тој ќе имаше причина да се фали пред луѓето, но не и пред Бог. Светото Писмо вели: „Авраам Му поверува на Бог, и Бог му ја припиша неговата вера како праведност.“ Кај луѓето, кога некој вложува свој труд, наградата што му се дава не претставува подарок, туку обврска. Но пред Бог, оној што не се потпира врз својот труд и постигања, туку што верува во Оној што ги оправдува грешниците, неговата вера му се смета како праведност. Еве што вели и царот Давид кога опишува колку е среќен оној човек кого Бог го смета за праведен, но не врз основа на дела извршени според барањата на Законот: Среќен е оној, на којшто престапот му е простен, чиј грев е покриен! Среќен е човекот кого Господ за грев не го обвинува.“ Дали овој благослов важи само за обрежаните, или важи и за необрезаните? Да го погледнеме примерот со Авраам. Рековме дека Бог му припиша праведност на Авраам, затоа што Авраам имаше вера во Него. Кога се случи тоа: кога Авраам беше веќе обрежан, или пред да се обреже? Знаеме дека тоа се случи пред Авраам да биде обрежан, а не откако беше обрежан! Дури потоа тој се обрежа, како печат и потврда дека Бог го прогласи за праведен врз основа на неговата вера што ја имаше уште додека беше необрезан. Така Авраам им стана духовен татко на сите што Му веруваат на Бог, и Бог ги прифаќа како праведни, иако не се обрежани. Истовремено тој им е духовен татко и на оние што се обрежани, но само на оние кои, покрај тоа што се обрежани, го следат и примерот на нашиот прататко Авраам, и Му веруваат на Бог исто како што тој Му веруваше уште пред да биде обрежан. Очигледно е дека ветувањето што Бог им го даде на Авраам и на неговите потомци, оти тие ќе го наследат светот, не им беше дадено затоа што Авраам се придржуваше кон ритуалниот Закон, туку врз основа на праведноста што Авраам ја стекна преку вера во Бог. Ако тврдиме дека Божјото ветување се однесува на оние што му се покоруваат на ритуалниот Закон, испаѓа дека верата нема никаква вредност, а со тоа и Божјото ветување би било неважечко. Имајте предвид дека законот им носи казна на прекршителите. А каде што нема закон, нема ни прекршок! Токму затоа Божјото ветување е засновано на вера. Тоа е незаработен подарок од Бог и им се гарантира на сите што имаат вера каква што имаше Авраам, без оглед на тоа дали се придржуваат кон ритуалните обичаи содржани во Законот или не. Токму затоа Авраам е прататко на сите што Му веруваат на Бог. На тоа се мисли во Светото Писмо кога Бог му рече на Авраам: „Те направив татко на многу народи.“ Авраам Му поверува на Бог, на Оној што мртви оживува и со збор го создава тоа што дотогаш не постоело. Кога Бог му вети на Авраам дека ќе стане татко на многу народи, Авраам Му поверува, иако тоа изгледаше сосема невозможно. Бог му рече: „Колку што има ѕвезди на небото, толку ќе бидат и твоите потомци!“ На Авраам не му ослабна верата, иако знаеше дека неговото тело е речиси мртво. Имаше околу сто години, а и неговата жена Сара беше веќе стара и неротка. Тој не се посомнева во ветувањето што му го даде Бог. Напротив, верата му зајакна и тој Му донесе слава на Бог. Авраам беше наполно уверен дека Бог е способен да го исполни тоа што го ветил. Затоа тоа му се припиша како праведност. Овој начин на стекнување праведност пред Бог не важеше само за Авраам, туку важи и за нас што веруваме во Оној што Го воскресна од мртвите нашиот Господ Исус, Кој беше предаден на смрт за нашите гревови, и беше воскреснат за ние да бидеме оправдани. Сега, кога стекнавме праведност преку вера, живееме во мир со Бог по заслуга на нашиот Господ Исус Христос. Благонаклоноста на Бог спрема нас, која сега ја уживаме, ја добивме преку вера во Исус Христос. Затоа се гордееме и со нетрпение очекуваме и ние да ја споделуваме Божјата слава. Но тоа не е се. Ние ја гледаме светлата страна и кога поднесуваме неволи, свесни дека преку неволи се здобиваме со трпеливост, трпеливоста гради цврст карактер, а карактерот ни ја одржува надежта што никогаш нема да не разочара. Темел на нашата надеж ни е Божјата љубов што веќе е влеана во нашите срца, со посредство на Светиот Дух. Имено, уште додека бевме беспомошни, во вистинскиот момент Христос умре за нас, иако ние не го познававме Бога. Тешко би се нашол човек што би се понудил да умре дури и за некој праведен човек. За исклучително добар човек, можеби некој и би се решил да умре, но Бог ни покажа колку многу не сака кога Го испрати Христос да умре за нас уште додека бевме грешници. Сега, откако сме оправдани преку крвта на Христос што се пролеа за нас, можеме да бидеме уште посигурни дека заради Исус ќе бидеме поштедени од Божјиот гнев. Ако додека уште бевме непријатели, се смиривме со Бог преку смртта на Неговиот син, колку посигурни можеме да бидеме сега, кога сме смирени и кога Исус е жив, дека ќе бидеме поштедени од Божјиот гнев! Затоа имаме причина да се гордееме со Бог и со она што Тој го направи за нас со посредство на нашиот Господ Исус Христос, Кој не смири со Бог. Гревот навлезе во овој свет преку еден човек, односно преку Адам. Гревот ја донесе смртта, која ги зафати сите луѓе, бидејќи сите згрешија. Луѓето беа грешни и кога немаше Закон. Иако во отсуство на Закон ние не го признаваме гревот, сепак, сите што живееја од Адам до Мојсеј, кога беше даден Божјиот Закон, не ја одбегнаа смртта. Сите умреа, иако не направија грев каков што направи Адам: не прекршија јасно изречена Божја заповед. Но со подарокот не е исто како со престапот. Додека престапот на еден човек им донесе смрт на многумина, љубовта на еден друг човек, на Исус Христос, им носи изобилно простување на мнозина, како подарок кој произлегува од Божјата благонаклоност. Ни резултатот од Божјиот подарок не е ист со последиците од Адамовиот грев. Од гревот на тој еден човек произлезе осуда за сите, додека од Божјиот подарок добиваме оправдание, иако сме виновни за многубројни престапи. Ако смртта завладеа преку престапот на само еден човек, колку повеќе оние што ја примиле Божјата изобилна благонаклоност и подарената праведност ќе завладеат со животот во полна сила, повторно по заслуга на еден единствен човек, Исус Христос. Значи, како што еден престап доведе до осуда на сите луѓе, така преку едно праведно дело дојде до оправдување што им носи живот на сите луѓе. Како што преку непослушноста на еден човек многумина станаа грешници, така преку послушноста на еден човек многумина ќе станат праведници. Божјиот Закон беше даден за да видат луѓето колку нараснал гревот. Но иако гревот многу нарасна, Божјата милостива благонаклоност се покажа поголема. Како што гревот владееше над сите луѓе и ги водеше во смрт, така сега владее Божјата чудесна благонаклоност, која ни подари праведност преку нашиот Господ, Исус Христос, и затоа ние ќе добиеме вечен живот. Што да кажеме на ова? Треба ли да продолжиме да грешиме, за Бог да стане уште поблагонаклонет спрема нас? Никако! Ние сме веќе мртви за гревот. Како би можеле тогаш да продолжиме да живееме во грев? Зар не знаете дека сите што се крстивме, идентификувајќи се така со Исус Христос, преку крштавањето „умревме“ заедно со Него? Кога се крстивме, ние „умревме“ и бевме „погребани“ заедно со Исус. Па како што Христос потоа воскресна од мртвите со помош на величествената сила на небесниот Татко, така и ние, по крштавањето да зачекориме во еден нов живот. Ако на ваков начин се придруживме во Христовата смрт, ќе воскреснеме и ние како што воскресна Тој. Сега знаеме дека нашата стара природа беше закована на крстот и умре заедно со Исус, за да му се одземе силата на гревот во нас. Затоа ние веќе не треба да му бидеме робови на гревот. Гревот не може да владее со мртов човек! Значи, ако „умревме“ со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме. Знаеме дека откако Христос беше воскреснат од мртвите, никогаш нема повторно да умре. Смртта над Него веќе нема моќ. Зашто Тој умре еднаш за да го порази гревот засекогаш, а животот што сега го живее, го живее за слава на Бог. Така и вие треба да сметате дека сте мртви за гревот, а заедно со Исус Христос, да живеете за слава на Бог. Затоа, не дозволувајте му веќе на гревот да владее со вашето смртно тело и не покорувајте им се на неговите грешни похоти! Не дозволувајте ниеден дел од вашето тело да стане орудие на неправедноста и да биде во служба на гревот. Предајте Му се на Бог, затоа што животот што сега го имате ви е подарок од Него. Секој дел од вашето тело нека стане орудие на праведноста и нека биде во служба на Бог. Тогаш гревот не ќе може да владее со вас, затоа што вие веќе не сте му потчинети на Законот, кој би ве подјармил под гревот, туку сте под Божјата благонаклоност, која ве ослободи од Законот. Што значи тоа? Смееме ли ние да продолжиме да грешиме, заради тоа што Божјата благонаклоност не ослободи од потчинетоста под Законот? Никако! Зар не знаете дека на оној на кого ќе му се понудите да му се потчините и да му робувате, негови робови и ќе станете? Можете да му робувате на гревот, а тоа води во смрт, или да Му бидете послушни на Бог и да се здобиете со праведност. Благодарение на Бог, вие што му бевте робови на гревот, од се срце го прифативте новото учење што Бог ви го даде, и му станавте послушни. Сега, ослободени од вашиот поранешен господар, гревот, вие и станавте робови на праведноста. Ви зборувам вака преку примери со робови и господари, бидејќи вие се уште имате слабост спрема своите тела. Вие порано ги предававте вашите тела да им робуваат на гнасотии и разврат. Сега предајте и се целосно и станете и робови на праведноста, за да станете свети. Кога му бевте робови на гревот, вие не водевте сметка дали тоа што го правите е праведно. Каков беше исходот од тоа што го правевте? Сега се срамите од тие постапки, кои ве водеа во сигурна смрт! Но откако бевте ослободени од власта на гревот и Му станавте робови на Бог, вашите постапки сега ве водат кон свето живеење, а крајниот исход за вас ќе биде добивање на вечен живот. Зашто платата што ја дава гревот е смрт, а подарокот што го дава Бог преку вера во нашиот Господ Исус Христос е вечен живот. Драги христијани! Овие зборови им ги упатувам на поборниците на Мојсеевиот Закон. Не знаете ли дека кој и да е закон има моќ над луѓето само додека се живи? На пример, омажената жена е со закон врзана за својот сопруг, додека е тој жив. Ако тој умре, таа е ослободена од законската обврска. Кога таа би заживеала со друг маж, додека нејзиниот сопруг е се уште жив, таа би била сметана за прељубница. Но ако сопругот и умре, таа е ослободена од законската обврска, и ако се омажи за друг човек, нема да биде сметана за прељубница. Така е и со вас, драги христијани. Вие не подлежите под старозаветниот Закон даден преку Мојсеј, затоа што Христовата смрт значеше и ваша смрт. Бидејќи Христос воскресна, вие сте сега сврзани со Него, а не со старозаветниот Закон. Тоа ви овозможува да бидете плодоносни и полезни за Бог. Додека со нас владееше нашата стара природа, грешните страсти дејствуваа во нас. Законот ги побудуваше тие грешни страсти и како последица на тоа произлегуваа грешни дела што би не одвеле во смрт. Сега сме ослободени од Законот, откако со Христос умревме за силата што не држеше заробени. Можеме да Му служиме на Бог не на стариот начин, со тоа што ќе му се покоруваме на словото на Законот, туку на нов начин, така што ќе Му се покоруваме на Духот. Што значи тоа? Дали Божјиот Закон е лош? Се разбира, не! Зашто да не беше Законот, јас немаше да знам дека сум грешен. Ако Законот не кажуваше: „Не посакувај туѓо!“ немаше да знам дека е лошо да се посакува туѓото. Од друга страна, гревот ја искористи можноста, па преку таа заповед во мене поттикна најразлични грешни желби. Значи, без Законот гревот не би бил делотворен! И јас порано живеев без Законот. Но кога се соочив со заповедта, наеднаш, гревот оживе! Сфатив дека сум осуден на смрт! Така заповедта, чија цел беше да ми даде живот, ми донесе смртна казна! Гревот ја искористи можноста и преку таа заповед ме измами, ме прогласи виновен, осуден на смрт. Законот си е свет. Таа заповед е света, праведна и добра. Дали ова значи дека мојата смрт ја предизвика она што е во суштина добро, односно Божјиот Закон? Никако! Гревот е тој што ме уби, искористувајќи ја добрата заповед. Но истовремено, преку таа заповед, се покажа дека гревот е страшна и грозна работа. Очигледно е дека Законот е духовен, добар, но јас сум човек од крв и месо, продаден како роб на гревот. Сам себеси не можам да се разберам. Не го правам тоа што го сакам, туку она што го мразам. Со самото тоа што ме гризе совеста кога правам грев, јас се согласувам со Божјиот Закон и потврдувам дека тој е добар, но, не успевам да се противставам, бидејќи гревот е во мене и ме тера да грешам. Свесен сум дека во мене, односно во моето тело, нема сили за ништо добро. Желба за добро има во мене, но не и сила да го извршам. Не го правам тоа што е добро, како што би сакал, туку го правам она што не го сакам, она што е грешно. Но штом не го сакам она што го правам, не сум веќе јас тој што го прави тоа, туку гревот што живее во мене. Сфатив дека по правило вака испаѓа, кога сакам да постапам добро, ми се наметнува грешното и тоа го правам. Длабоко во себе јас му се восхитувам на Божјиот Закон, но во моето тело гледам еден друг закон, кој војува против Законот во мојот ум. Тој закон успева да ја добие битката и ме држи заробен од гревот, кој е тука, во моето тело. Сфатив дека сум наполно беспомошен! Кој ќе ме избави од ова тело што ме води во смрт!? Одговорот е: тоа ќе го стори Исус Христос, нашиот Господ. Неизмерно сум Му благодарен на Бог за тоа! Така, од една страна, со својот ум сакам да живеам според Божјиот Закон, а од друга страна, со мојата грешна природа, му робувам на законот на гревот. Затоа тие што се под закрила на Исус Христос нема да бидат осудени, бидејќи со посредство на Исус Христос, силата на животодавниот Дух ве ослободи од силата на гревот, која води во смрт. Мојсеевиот Закон не можеше да не спаси, поради грешната човекова природа. Но тоа што не можеше да го стори Законот, го направи Бог. Тој Го испрати Својот Син во тело слично на грешните човечки тела. Жртвувајќи Го Својот Син за нашите гревови, Бог ја уништи власта што гревот ја имаше во нас. Така, она што Законот со право го бараше, беше исполнето за нас, кои не се раководиме според телесната природа, туку според водството на Духот. Луѓето што се раководат според својата телесна природа мислат само на телесни работи, додека оние што допуштаат да ги води Божјиот Дух, мислат на духовни работи и се стремат кон нивно остварување. Но раководењето според телесната природа води во смрт, а раководењето според Божјиот Дух донесува живот и мир. Умот што се раководи од телесната природа е непријателски настроен спрема Бог. Тој не му се покорува на Божјиот Закон. Не може да му се покори. Луѓето што се раководат од својата телесна природа не можат да Му угодат на Бог. Но вие не се раководите според телесната природа, туку според водството на Духот, ако во вас навистина живее Божјиот Дух. (Ако некој Го нема во себе Духот на Христос, таквиот човек воопшто и не е христијанин!) Ако, пак, Христос живее во вас, тогаш, навистина, вашето тело ќе мора да умре поради гревот, но вашиот дух ќе живее, затоа што сте оправдани пред Бог. Ако навистина Божјиот Дух, Кој Го воскресна Исуса, сега живее во вас, тогаш Тој Дух ќе ги оживее и вашите смртни тела, онака како што Го воскресна Христос од мртвите. Драги христијани, ние не сме и должници на нашата телесна природа и не сме должни да го извршуваме тоа што таа ни го наложува. Ако дозволите грешната телесна природа да ве води, ќе умрете. Но ако со помош на Божјиот Дух ги совладувате навиките на вашата грешна природа, ќе живеете. Само тие што се раководат според Божјиот Дух, се Божји деца. Впрочем, Духот што Го примивте не ве претвора одново во робови, па и понатаму да се плашите од Бог! Напротив, Тој Дух ве посвои и сега сте Божји деца и на Бог можете да Му се обраќате со „Аба“, што значи „Татко“. Самиот Божји Дух, заедно со нашиот дух, не уверува дека ние навистина сме Божји деца. Ако сме Божји деца, ние сме и Негови наследници, заедно со Христос. Се што Бог Му дава на Својот Син, Христос, е и наше. Па и ако страдаме слично како што страдаше Христос, ќе ја наследиме и славата што ја има Тој! Јас мислам дека страдањата низ кои сега минуваме не можат ни да се споредат со славата што потоа ќе ни биде дадена. Се што е создадено со нетрпение го чека денот кога Бог ќе објави кои се Неговите вистински деца. Се што е создадено беше потчинето под Божјото проклетство, не по своја волја, туку по Негова наредба. Затоа сите созданија се надеваат дека и тие ќе бидат ослободени од стегите на смртта и распаѓањето, и ќе ја добијат славната слобода што ги очекува Божјите деца. Зашто знаеме дека, се до сега, целиот свет стенка и се грчи од болка, како жена што се породува. Не само светот, туку стенкаме и ние христијаните, кои го имаме Светиот Дух во нас и ги уживаме првите плодови на славата што ќе дојде. И ние во себе стенкаме, желно очекувајќи Бог да ни го даде сето она што како на Негови деца ни следува, вклучувајќи ги тука и новите тела што Бог ни ги вети. Сега кога сме спасени, желно ја очекуваме таа слобода. Тоа значи дека таква слобода се уште немаме. Зошто, инаку, некој би очекувал нешто што веќе го има!? Но, во очекување на она што се уште го немаме, треба трпеливо и со доверба да го очекуваме. Во меѓувреме, со нас е Светиот Дух за да не придружува и да ни помага во нашите слабости. Ние не знаеме дури ни за што и како би требало да се молиме. Но Светиот Дух се застапува за нас со неискажливи воздишки. А Бог знае што има во срцата на луѓето и знае што сака Светиот Дух, затоа што Тој се застапува за Божјите луѓе согласно со Божјата волја. Знаеме дека се што се случува, Бог ќе го насочи така што да испадне на добро за оние што Го сакаат Бога и што се од Него повикани за свети цели. Однапред познавајќи ги луѓето, Бог ги одбра Своите, со цел да ги преобрази така што ќе бидат слични на Неговиот Син, Исус, Кој е првороден за да има многу браќа и сестри. А тие што ги одбра, Бог ги повика, ги оправда и ги прослави. Што да кажеме на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе биде против нас? Кога Бог ни Својот Сопствен Син не Го поштеди, туку Го даде за откуп на сите нас, зар заедно со Исус нема да ни подари и се друго? Кој може да подигне обвинение против оние што Бог ги одбра и ги оправда!? Кој може да не осуди нас, Божјите избраници? Такво право и таква сила има само Исус Христос, но токму Тој умре и воскресна за нас, а и сега се зазема за нас, седејќи на почесното место, од десната страна на Бог! Според тоа, може ли да има сила што ќе не одвои од Христовата љубов? Можат ли тоа да го сторат тешкотиите, маките, прогоните, гладот, немаштијата или заканите со смрт? Иако во Светото Писмо е напишано: „Секојдневно се соочуваме со смртта, за Тебе, не сметаат како овци за клање“ Наспроти се, ние сме повеќе од победници, преку Христос, Кој многу не засака. Убеден сум дека ни смртта ни животот; ни ангелите, ни владетелите; ни сегашноста, ни иднината; ни некакви сили, било да се сили од височините, или сили од длабочините; ниту што и да е на овој свет не може да не одвои од Божјата љубов, што Тој ни ја искажува преку Исус Христос, нашиот Господ! Јас ја кажувам вистината. Му припаѓам на Христос и не лажам. Мојата совест, водена од Светиот Дух, ми сведочи дека не лажам кога ви кажувам колку е голема мојата тага, каква непрестајна болка имам во срцето за мојот народ, за моите сонародници - Евреите. Кога тоа би можело да ги спаси, би се согласил јас да бидам проколнат и откинат од Христос! Израелците се Божји одбран народ. Бог ним им ја откри Својата слава и со нив склучуваше завети. Ним им беше даден Божјиот Закон, ним им беше доверено да служат во храмот, ним им беа дадени ветувањата. Од нив потекнуваат патријарсите, од нив потекнува и Христос, по тело, а Тој е Бог, Кој владее над се - благословен нека биде за вечни векови! Амин. Не се работи за тоа дека Бог не си го одржал зборот спрема Евреите. Но не е вистински Евреин секој што по потекло е Евреин. Не се сите потомци на Авраам негови вистински наследници, туку Светото Писмо вели: „Оние што се потомци на Исак ќе се сметаат за твои наследници.“ Тоа значи дека не се Божји деца сите што се биолошки потомци на Авраам. Вистинските потомци на Авраам се децата што беа родени според ветувањето што го беше дал Бог. А тоа ветување гласеше: „Следната година, во ова време јас ќе се вратам и Сара ќе има син.“ Тој син беше Исак, кој подоцна се ожени со Ревека. И кај нивните деца се покажа Божјиот избор. Ревека зачна близнаци од нашиот предок Исак. Но изборот меѓу нив го изврши Бог, согласно со Своите планови. Уште пред да се родат близнаците и да сторат нешто добро или зло, Бог и рече на Ревека: „Потомците на постариот син ќе им служат на потомците на помладиот син.“ Изборот не беше резултат на нивни заслуги, туку зависеше само од Оној што одбираше, од Бог. Токму затоа Бог во Светото Писмо вели: „Јакова го засакав, а Исава го отфрлив.“ Значи ли ова дека Бог е неправеден? Никако! На Мојсеј Бог му рече: „Спрема кого сакам ќе имам милост, спрема кого сакам ќе се сожалам.“ Значи, Божјиот избор е резултат на Неговата милост, а не е заслуга на оние што сакале или пак на оние што вложувале сопствени напори. Светото Писмо кажува дека Бог вака му рече на фараонот: „Те направив цар, за да се покаже над тебе Мојата сила и за да се прочуе Моето име по целата Земја.“ Значи, спрема кого сака Бог ќе се смилува, а кого сака ќе го остави тврдоглав. Несомнено некој ќе рече: „Зошто тогаш Бог смета дека одговорноста е кај луѓето? Кој може да се противстави на она што Бог наумил да го стори?“ Но кој си па ти, човеку, да Му приговараш на Бог!? Зар ракотворбата ќе му приговори на мајсторот: „Зошто си ме направил ваква?“ Зар грнчарот нема право од иста смеса глина да направи еден сад за благородна, а друг за неблагородна употреба? Бог има право да го излее Својот гнев и да ја покаже Својата сила, но има право и да биде долготрпелив спрема оние на кои им е гневен, луѓе кои самите се подготвиле за сопствено уништување. Тој има право да ги излее богатствата на Својата слава врз оние спрема кои ја насочи Својата благонаклоност, оние што ги беше приготвил за слава. Во овие вториве спаѓаме и ние, а нас не има не само од Евреите, туку и од другите народи. Еве што вели Бог за тоа во книгата на пророкот Осија: “На оние што не биле Мој народ ќе им речам: ,Мој народе!‘ На оние што не биле сакани ќе им речам: ,Драги Мои!‘“ и „На истото место каде што им беше речено: ,Вие не сте Мој народ.‘ сега ќе бидат наречени деца на Живиот Бог.“ Во врска со Израел, пророкот Исаија извикуваше: „Дури и ако Израелците станат многубројни како морскиот песок, само мал број од нив ќе се спасат! Господ брзо ќе ја спроведе казната што ја има изречено за Земјата!“ На друго место пророкот Исаија вели: „Ако Семоќниот Господ не оставеше од нас преживеани, ќе бевме целосно уништени како Содом и Гомора!“ Што можеме да заклучиме од ова? Иако другите народи не се трудеа да се здобијат со праведност пред Бог, добија можност за праведност и тоа преку вера. Израелците, пак, се обидуваа да се здобијат со праведност преку придржување кон Мојсеевиот Закон, но не успеаја. Зошто? Затоа што не се потпираа на верата, туку мислеа дека со сопствените постапки ќе можат да се здобијат со праведност. Тие се препнаа од „каменот за сопнување.“ Бог ги предупреди на ова преку напишаното во Светото Писмо: „Еве, во Ерусалим ќе поставам Камен од кој некои луѓе ќе се сопнат, Карпа од која ќе се соблазнат, а оние што ќе поверуваат во Него, нема да се разочараат.“ Драги пријатели христијани, мојата најголема желба и молитва кон Бог е Израелците да се спасат. Знам дека тие се многу ревносни за Бог, но таа нивна ревност не произлегува од правилно разбирање. Тие не го знаат начинот на кој Бог им подарува праведност на луѓето. Сакаат да се здобијат со сопствена праведност, преку придржување кон Мојсеевиот Закон, наместо да ја прифатат Божјата праведност. Христос ја исполни целта на Законот. Сега сите што веруваат во Христос се здобиваат со праведност пред Бог. Пишувајќи за стекнување праведност според Божјиот Закон, Мојсеј вели: „Кој ќе се придржува до сите наредби во Законот, ќе живее.“ А праведноста што се стекнува преку вера вели вака: „Не треба да се искачиш на небото за да Го доведеш Христос и не треба да слегуваш во светот на мртвите за да Го вратиш Христос меѓу живите!“ Пораката за спасение преку вера во Христос е лесно достапна, како што и се вели во Светото Писмо: „Пораката е близу до тебе, таа е на твоите усни, во твоето срце.“ Ова е учењето за верата што ние го проповедаме. Ако со својата уста Го признаваш Исус за Господ, и ако во своето срце веруваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе бидеш спасен. Ако длабоко во себе имаш таква вера, Бог ќе те смета за праведен. Ако со својата уста ја исповедаш оваа вера, ќе бидеш спасен. Светото Писмо вели вака: „Ниту еден од оние што веруваат во Него нема да се разочара!“ Без оглед на тоа дали се работи за Евреин или за припадник на некој друг народ. Единствениот Господ што постои е за сите и Тој е дарежлив спрема сите што бараат помош од Него. „Секој што ќе Му се обрати на Господ, ќе биде спасен.“ Но како ќе Му се обраќаат на Господ, ако не веруваат во Него? А како ќе поверуваат, ако не чуле за Него? Како ќе чујат, ако некој не им проповеда? А како може некој да проповеда, ако не е испратен од Господ? Затоа во Светото Писмо пишува: „Благословени се стапалата на луѓето што ја разгласуваат Радосната вест!“ Но сите не ја прифатија Радосната вест. Пророкот Исаија вели: „Господе, има ли некој што верува во пораката што ја проповедаме?“ Сепак, верата доаѓа преку слушање, и тоа преку слушање на Радосната вест за Христос. Но зарем Израелците не чуле? Се разбира дека чуле: „Гласот на Божјите созданија низ целата Земја се ори до крајот на светот зборот им се гласи.“ Пак ќе речам, зар на Израелците не им е јасно? Уште преку Мојсеј Бог им порача: „Ќе предизвикам љубомора кај вас, благословувајќи други народи што сега не се Мој народ, ќе се лутите кога ќе ги благословам неупатените народи!“ Пророкот Исаија храбро им кажа од името на Бог: „Ме најдоа оние што не Ме бараа, им се објавив на оние што не прашуваа за Мене.“ А за Израелците, Бог вели: „По цел ден ги ширев рацете кон вас, непослушен и инаетлив народе!“ Значи ли тоа дека Бог му го сврте грбот на Својот народ Израел? Никако! Не заборавајте дека и јас сум Израелец, потомок на Авраам, од родот на Бинјамин. Не, Бог не му го сврте грбот на Својот народ што го одбра уште од самиот почеток. Се сеќавате ли што вели Светото Писмо за ова? Пророкот Илија му се пожали на Бог од Израелците, велејќи: „Господе! Тие ги убија Твоите пророци, ги разурнаа Твоите жртвеници! Само јас останав, а и мене ме бараат за да ме убијат!“ Но еве што му одговори Бог на Илија: „Не си само ти! Имам уште седум илјади души што не клекнаа на колена пред кипот на богот Баал!“ Така е и денеска. Не застранија од Бог сите Израелци. И од нив има верни, избрани по Божја милост. Тие имаат спасение бидејќи Бог им е милостиво благонаклонет, а не затоа што тие со своите постапки тоа го заслужиле. Да не беше така, милостивата благонаклоност немаше да биде тоа што е: незаслужен подарок! Заклучокот е дека само мал број одбрани го добија она што сите Израелци го бараа. Останатите беа тврдоглаво непослушни, За нив во Светото Писмо е напишано: „Бог ги препушти на нивното мртвило: очите да не им гледаат, ушите да не им слушаат, и такви се се до ден денешен.“ За истата работа зборува и Давид, кога вели: „Нивната трпеза во замка да им се претвори, мрежа во која ќе се уловат, казна што ја заслужуваат! Очите нека им се помрачат, за да не гледаат и довека грбави да одат!“ Непослушноста на Израелците - можност за другите народи Дали тоа значи дека Израелците отпаднаа и никогаш повеќе нема да закрепнат? Се разбира, не! Нивната грешка им овозможи на другите народи да се спасат, а во исто време кај Израелците тоа предизвика поголема ревност. Ако нивната грешка му донесе толкав благослов на светот, ако нивниот намален број им донесе толкаво духовно богатство на другите народи, колку поголем благослов за светот ќе биде кога и Израелците целосно ќе го прифатат Божјиот план за спасение!? Сега ви се обраќам вам, што не сте Евреи. Се додека сум ваш апостол ќе се гордеам со тоа што ми е доверена таа задача, која грижливо ја извршувам. Можеби така ќе предизвикам љубомора кај моите сонародници, Евреите, па и од нив некој да се спаси. Зашто, ако Бог им го понуди спасението на другите народи откако Евреите го отфрлија, што ли ќе биде кога и тие ќе го прифатат!? Тоа ќе значи оживување на оние што дотогаш биле мртви! Ако почетното тесто е свето, свети ќе бидат сите лебови месени од него. Ако коренот е свет, свети ќе бидат и гранките. Вие сте како гранки од дива маслинка, накалемени на питомо дрво. Некои гранки беа откршени, а вие го зазедовте нивното место и сега заедно ги уживате благодатите од сочниот корен на питомата маслинка. Немојте да мислите дека вие сте подобри од гранките што беа откршени! Не заборавајте дека не сте вие тие што го одржуваат коренот, туку тој вас ве одржува во живот! Можеби ќе речете: „Тие гранки беа откршени за да направат место за нас!“ Тоа е вистина. Тие беа откршени бидејќи не Му веруваа на Бог, а вие го зазедовте нивното место затоа што Му верувате. Затоа, немојте да бидете горделиви, туку имајте страхопочит. Зашто, ако Бог не ги поштеди првобитните, природни гранки, ни вас нема да ве штеди! Забележете колку добар, но и колку строг може да биде Бог. Строг спрема оние што Му откажуваат послушност, а добар спрема вас, доколку останете приврзани спрема Неговата благонаклоност. Во спротивно, и вие ќе бидете отсечени! Ако Евреите се одвратат од своето неверување, Бог повторно ќе ги накалеми на нивното поранешно место. Бог е способен да го стори тоа. Зашто, кога Бог може вас, кои бевте отсечени од дива маслинка и, наспроти она што е природно, да ве накалеми на питомата маслинка, колку полесно ќе може одново да ги накалеми гранките што природно му припаѓаат на питомото дрво! Драги пријатели христијани, сакам да ја разберете оваа тајна, за да не ве фати горделивост, па да почнете да се фалите дека сте многу мудри! Тврдоглавоста на дел од Израелците ќе трае се додека не се пополни бројот од другите народи што ќе дојдат кај Христос. Тогаш сите Израелци ќе бидат спасени, како што е напишано во Светото Писмо: „Избавителот ќе дојде од Ерусалим и ќе ги обрати Израелците од сета нивна безбожност. Така Јас ќе го исполнам Мојот завет спрема нив и ќе ги отстранам нивните гревови.“ Поголемиот број од Израелците се непријатели на Радосната вест, но тоа испадна за ваша полза, вие да ја слушнете Радосната вест. Но тие се сепак одбран народ и Бог ги сака заради нивните предци. А Бог не си ги зема назад даровите што ги дал, и кога некого ќе одбере, не се предомислува. Порано и вие Му бевте непослушни на Бог. Но откако Евреите ја одбија милоста што Бог им ја понуди, Тој ја пренасочи Својата милост кон вас. Сега, кога тие Му се непослушни на Бог, Тој ја насочува Својата милост спрема вас. Но, еден ден и тие ќе учествуваат во Божјата милост. За извесно време Бог ги остава сите луѓе во затворот на нивната непослушност, за потоа спрема сите да покаже милост. О колкава длабочина и богатство има во мудроста и знаењето на Бог! Колку тешко можеме да ги сфатиме Неговите одлуки и начинот на кој Тој дејствува! „Кој може да знае што мисли Господ? Кој има толкаво знаење за да Му биде советник?“ „Кој Нему нешто Му дал, па да очекува да му биде вратено?“ Се доаѓа од Него и се се одржува во живот преку Него. Се е Негово. Нему нека Му е слава во вечни времиња! Амин. Драги пријатели христијани, имајќи ја предвид Божјата благонаклоност спрема вас, ве молам да ги принесете своите тела како жива жртва, света и пријатна за Бог. Тоа е најдобриот начин да Му служите. Не сообразувајте се со световните луѓе, туку допуштете Бог однатре да ве преобрази така што Тој ќе го промени начинот на кој размислувате. Тогаш ќе можете да согледате што сака Бог да правите, што е добро, пријатно и совршено. Како Божји гласник, избран врз основа на Неговата благонаклоност, на секој од вас му порачувам дека за себе не треба да има повисоко мислење одошто заслужува. Бидете скромни и проценувајте ја сопствената вредност според големината на верата што Бог ви ја дал. Како што ние во своето тело имаме многу органи и секој орган си има своја улога, така е и со Црквата - телото Христово. Сите ние сме органи на „Христовото тело“ и имаме потреба еден од друг. Бидејќи Бог ни беше благонаклонет, на секој од нас му даде различни дарби. Ако е некој надарен да пророкува, нека пророкува согласно со верата што ја има. Ако е некој надарен да служи, нека служи; ако е надарен да поучува, нека поучува; ако е надарен да ги охрабрува луѓето, нека го прави тоа. Ако е некој дарежлив, нека дава штедро. Ако раководи, нека раководи најдобро што знае и умее. Ако од милосрдие им помага на луѓето, нека го прави тоа со радост. Сакајте ги луѓето искрено, а не лицемерно. Мразете се што е зло и решително правете добро. Сакајте се срдечно како браќа. Кога се работи за почести, давајте им предност на другите. Бидете ревносни, а не мрзливи. Служете Му на Господ со пламенен дух. Надежта што ја имате нека ве исполнува со радост. Кога ви е тешко, бидете стрпливи и постојано молете се. Грижете се за потребите на посветените Божји луѓе и бидете гостољубиви. Ако луѓето ве прогонуваат поради вашата вера во Христос, не колнете ги, туку благословувајте ги. Радувајте се со оние што се радуваат, тагувајте со оние што тагуваат. Трудете се да живеете во меѓусебна слога. Не бидете вообразени, туку дружете се со обичните луѓе. Немојте да мислите дека се знаете! Никому не враќајте зло за зло. Трудете се да го правите само она што сите го сметаат за добро. Од ваша страна трудете се да живеете во мир со сите луѓе. Драги пријатели, немојте да се одмаздувате. Препуштете му ја одмаздата на Божјиот гнев. Во Светото Писмо, Господ вели: “Одмаздувањето е Моја работа. Јас ќе возвратам!“ А ти, напротив, постапувај според учењето на Светото Писмо кое вели: “Ако твојот непријател е гладен, нахрани го, ако е жеден, дај му да пие. Така ќе го засрамиш, како со вжарени гламни да си му ја посипал главата.“ Не дозволувајте злото да ве надвладее, туку вие надвладувајте го злото со добро. Почитувајте ја државната власт. Секоја власт произлегува од Бога, па и државната власт е воспоставена од Бог. Оној што се противи на институцијата државна власт, се противи на уредба воспоставена од Бог и ќе биде казнет. Органите на власта не се закана за добрите, туку за лошите луѓе. За да не се плашите од властите, правете добро и тие ќе ве пофалат. Власта е во служба на Бог и нејзина должност е да работи за твое добро. Ако правиш зло - има причина да се плашиш, зашто ќе бидеш казнет! Власта е во служба на Бог и остро ги казнува оние што прават зло. Затоа, треба да ја почитуваш државната власт, не само за да не бидеш казнет, туку и да имаш чиста совест. Затоа треба да плаќате и даноци. Извршителите на власта се во служба на Бог и треба да бидат платени за она што го работат. Затоа, давајте им го она што им припаѓа. Плаќајте ги даноците и царините, имајте страхопочит спрема властите, укажувајќи им чест кога заслужуваат. Немојте никому да му бидете должници. Единствената постојана должност нека ви биде да се сакате еден со друг, зашто оној што ги сака другите луѓе, го исполнува Божјиот Закон. Заповедите: „Не врши прељуба! Не убивај! Не кради! Не завидувај!“, и сите други заповеди се содржани во заповедта: „Сакај ги другите луѓе како што се сакаш себеси!“ Ако некого сакаш, нема да му нанесуваш зло. Затоа, ако ги сакаш луѓето, го исполнуваш и Божјиот Закон. Имајте на ум дека времето истекува. Разбудете се! Нашето спасение е сега поблизу, отколку во моментот кога поверувавме! Ноќта е при крај, се ближи денот на нашето спасение! Да престанеме да правиме зло, зашто тоа и припаѓа на темнината. Да живееме свето, како луѓе облечени за светлина. Да се однесуваме примерно, како да сме изложени на светлина. Не учествувајте во оргии и пијанки, во блуд и разврат, во кавги и завист. Загрнете се со Господ Исус Христос и не размислувајте како да им угодите на грешните телесни желби. Прифатете ги оние христијани кои имаат послаба вера, без да ги осудувате за тоа што по одредени прашања имаат поинакво мислење од вас. На пример, некој верува дека смее да јаде се. Друг, пак, затоа што има послаба вера, смета дека смее да јаде само растителна храна. Оној што јаде се не треба да го презира оној што не јаде се и обратно. Бог ги прифаќа и едните и другите. Со кое право осудуваш туѓ слуга!? Единствено неговиот Господар има право да го прифати или да го отфрли. Не грижете се, Господ ќе ги зачува од сериозни грешки. Тој е способен да ги одржи на здрави нозе. Исто така некои христијани сметаат дека некој ден во неделата е поважен од другите, а други ги сметаат сите денови за еднакви. Секој нека си остане на своето уверување. Оние што на одреден ден му даваат поголемо значење од другите денови во неделата, го прават тоа од почит спрема Господ. Исто така и оние што јадат секаков вид храна, го прават тоа од почит спрема Господ, бидејќи пред да почнат да јадат, Му се заблагодаруваат на Бог. Но и оние што прават разлика меѓу храна што смее да се јаде и храна што не смее да се јаде, го прават тоа од почит спрема Господ и на тој начин сакаат да Му искажат благодарност. Никој од нас христијаните не живее за себе и не умира за себе. Додека сме живи, живееме за Господ. Кога умираме, умираме за да Му се придружиме на Господ. Живи или мртви, ние Му припаѓаме на Господ. Всушност, токму заради ова Христос умре и воскресна, за да им биде Господ и на живите и на мртвите. Тогаш, зошто ги критикувате другите христијани? Зошто дури и ги презирате? Не заборавајте дека секој од нас ќе застане пред Божјиот судски престол! Во Светото Писмо, Господ вели: „Во Себе се колнам, бидејќи Сум вечно жив, дека секое колено пред Мене ќе клекне, секој јазик на Бог ќе Му се исповеда!“ Значи, секој од нас, лично за себе ќе полага сметка пред Бог. Слобода, но и одговорен однос Затоа, да престанеме да се осудуваме едни со други! Да се трудиме да не им поставуваме сопки и стапици на другите христијани. Знаејќи го учењето на Господ Исус, јас сум убеден дека нема забранета храна поради верски причини. Меѓутоа, ако некој смета дека не треба да јаде извесен вид храна, тој од неа се гнаси. Затоа, ако со храната што ти ја јадеш ги повредуваш чувствата на некои христијани, ти не постапуваш со љубов. Христос умре за нив. Немој поради храна да уништиш некоја душа за која Христос умре! Не дозволувај предноста што ја имаш да предизвика напаѓање на христијанството! Зашто, жителството во Божјото царство не е условено од она што човек го јаде и пие, туку од тоа дали живее праведен живот и дали ги има мирот и радоста што ги дава Светиот Дух. Ако Му служите на Христос со таков дух, ќе му бидете по волја на Бог, а и луѓето ќе ве почитуваат. Затоа, да се стремиме кон она што внесува мир меѓу христијаните и заемно не изградува. Немојте заради храна да го рушите Божјото дело! Навистина, се смее да се јаде, но лошо е ако со она што го јадете предизвикувате некој да се соблазни. Најдобро е да не јадете месо, да не пиете вино и да не правите ништо што може да предизвика некој од христијаните да се соблазни. Тоа што го верувате во врска со овие нешта, нека остане меѓу вас и Бог. Среќен е оној што не се чувствува виновен кога прави нешто што го смета за правилно. Но ако некој се колеба дали нешто смее да јаде, или не, а сепак го јаде, тој самиот себе се осудува, бидејќи не постапува со цврста увереност. Се што правите спротивно од вашето цврсто уверување е грев. Ние што имаме посилна вера треба да ја поднесуваме слабоста на оние со послаба вера, а не да си угодуваме самите на себе. Секој од нас треба да им угодува на христијаните што се околу него, за нивно добро, за да ги изградува. Ни Христос не си угодуваше Себеси, туку, како што е напишано: „Навредите што беа наменети за Тебе, паднаа врз Мене.“ Се што во минатото е напишано во Светото Писмо, напишано е за ние да се поучиме, да оцврснеме, да се охрабриме и да не губиме надеж. А Бог, Кој е изворот на нашата стрпливост и утеха, нека ви даде слога меѓу вас и секој да го следи примерот на Исус Христос, па сите заедно и сложно да Го прославувате Бога, Таткото на нашиот Господ Исус Христос. Прифаќајте се еден со друг, како што Христос ве прифати вас. Со тоа Бог ќе биде прославен. Сакам да знаете дека Христос им стана слуга на Евреите за да го исполни ветувањето што Бог им го беше дал на нивните предци, а исто така и сите други народи да Го прославуваат Бога заради Неговата милост, како што е напишано во Светото Писмо: „Затоа ќе Ти донесам слава меѓу нееврејските народи, ќе Му пеам славопои на Твоето име!“ И на друго место вели: „Радувајте се и вие што не сте Евреи, заедно со Божјиот народ, Евреите!“ И повторно: „Славете Го Господа сите народи, Него нека Го слават сите луѓе!“ А Исаија вели: „Ќе се појави потомок на Давид, ќе им стане владетел на нееврејските народи, кои својата надеж во Него ќе ја положат!“ Сега Бог, изворот на надежта, нека ве исполни со радост и со мир заради вашата вера во Христос, а вашата надеж нека продолжи силно да расте и да се поткрепува од силата на Светиот Дух. Уверен сум, драги пријатели христијани, дека вие сте полни со добрина, дека имате солидно знаење и дека сте способни еден со друг да се поучувате. Сепак, си зедов слобода да ви пишам за некои работи, за да ве потсетам. Бог ми беше благонаклонет и ме зеде во служба на Исус Христос меѓу нееврејските народи, за да извршувам една света задача: ширење на Божјата Радосна вест. На тој начин Светиот Дух ќе може да направи од нееврејските народи принос што ќе биде свет и прифатлив за Бог. Сега, кога сум во служба на Исус Христос, се гордеам со тоа што го работам за Бог. Се осмелувам да зборувам само за она што Христос го изврши преку мене, за тоа како ме испрати да проповедам со зборови и со дела, за да се обратат и оние што не се Евреи. Зборувам за тоа како Христос правеше чуда и им даваше чудотворни знаци на луѓето со силата на Светиот Дух. Им ја проповедам во целост Радосната вест за Христос, почнувајќи од Ерусалим, па се до Илирија. Мојата цел е да ја проповедам Радосната вест онаму каде што се уште не слушнале за Христос, зашто не сакам да градам врз туѓ темел. Напротив, сакам да правам онака како што е напишано во Светото Писмо: „Ќе им се отворат очите на народите на кои не им беше кажувано за Господ, ќе разберат оние што за Него не беа чуле.“ Мојата желба да ве посетам и вас, во Рим, беше многупати одложувана токму поради тоа што проповедав по таквите земји. Сега, меѓутоа, за мене повеќе нема поле за работа во овие краишта. Бидејќи веќе повеќе години имам желба да дојдам кај вас, во Рим, ќе ве посетам кога ќе одам за Шпанија. Се надевам дека на поминување ќе се видам со вас и дека вие, откако барем малку ќе ви се изнарадувам, ќе ме испратите понатаму. Но, пред да дојдам, прво ќе заминам за Ерусалим, за да им ги однесам доброволните прилози собрани за тамошните христијани. Христијаните од Македонија и Ахаја собраа доброволни прилози за сиромашните христијани во Ерусалим. Го сторија тоа од се срце. Се чувствуваа должни спрема нив. Сметаа дека, ако Евреите ги поделија духовните богатства со другите народи, ред е и тие да им помогнат со материјални добра. Кога ќе ја завршам оваа работа и ќе им ги предадам собраните прилози, ќе ве посетам, а потоа ќе заминам за Шпанија. Знам дека моето доаѓање кај вас ќе биде со целосен благослов од страна на Христос. Драги пријатели христијани, во името на нашиот Господ Исус Христос и заради љубовта што Светиот Дух ви ја дава, ве молам да ми се придружите во борбата што ја водам со тоа што ќе Му се молите на Бог за мене. Молете се Бог да ме заштити од оние луѓе во Јудеја што одбиваат да Му се покорат на Бог, а и за тоа христијаните во Ерусалим да го прифатат прилогот што им го носам. Така, исполнет со радост, да дојдам кај вас и, ако е Божја волја, меѓусебно да се освежиме. Дотогаш Бог, Кој е извор на мир, нека биде со сите вас. Амин. Ви ја препорачувам нашата сестра Фиба, која служи во црквата во Кенхреа. Таа наскоро ќе ве посети. Пречекајте ја срдечно, како што им прилега на Божји луѓе. Помогнете и со се што ќе и треба, бидејќи и таа им помагаше на многумина, а ми помогна и мене. Поздравете ги Приска и Акила, кои соработуваат со мене во мојата мисија за Исус Христос. Тие си ги ризикуваа сопствените животи заради мене. Ним не сум им благодарен само јас, туку и сите цркви меѓу неевреите. Поздравете ја и црквата што се собира во нивниот дом. Поздравете го мојот драг пријател Епенет. Тој е првиот христијанин од Азија. Поздравете ја Марија, која многу работеше за вас. Поздравете ги моите роднини Андроник и Јуниј, со кои заедно бевме в затвор. Тие се многу почитувани меѓу апостолите и уште пред мене беа Христови следбеници. Поздравете го мојот драг пријател во Господ, Амплијат. Поздравете го Урбан, наш соработник во Христовото дело; поздравете го и мојот драг пријател Стахиј. Поздравете го Апелиј, потврден следбеник на Христос. Поздравете го семејството на Аристобул. Поздравете го мојот роднина Иродион. Поздравете ги христијаните од семејството на Наркис. Поздравете ги Трифен и Трифос, кои трудољубиво работат за Господ. Поздравете ја мојата драга пријателка Персида, која многу работеше за Господ. Поздравете го Руф, избраник на Господ. Поздравете ја и неговата мајка, која и мене ми беше како мајка. Поздравете ги Асинкрит, Флегон, Ермин, Патроб, Ерман и нашите пријатели христијани што се со нив. Поздравете ги Филолог и Јулија, Нереј и неговата сестра, Олимп и сите Божји луѓе што се со нив. Поздравете се меѓусебно со свет бакнеж. Примете поздрави од сите Христови цркви. Ве предупредувам, драги пријатели христијани, да се пазите од оние што предизвикуваат поделби и сомнежи, што ве учат на работи спротивни на учењето што го примивте. Избегнувајте ги! Таквите луѓе не му служат на нашиот Господ Христос, туку им служат само на сопствените апетити. Преку лицемерни говори и ласкање тие ги заведуваат простодушните. А за вас насекаде се слуша дека сте Му послушни на Бог, и тоа посебно ме радува. Би сакал да бидете бистри за она што е добро, а невини за се што е зло. А Бог, Кој е извор на мирот, брзо ќе го сотре Сатаната и ќе го фрли под вашите нозе! Нашиот Господ Исус нека ви биде благонаклонет. Ве поздравуваат мојот соработник Тимотеј и моите сонародници Луциј, Јасон и Сосипатер. И јас, Терцие, оној што го пишува ова писмо, ве поздравувам како Господов следбеник. Ве поздравува Гај, кој ни е домаќин и мене и на целата овдешна црква. Ве поздравува градскиот благајник Ераст и нашиот брат по вера, Квартус. (Благодатта на нашиот Господ Исус нека биде со сите вас. Амин.) А сега, нека Му е слава на Бог, Кој може да ве направи цврсти преку Радосната вест што ви ја пренесувам! Таа зборува за Исус Христос. Со векови ова беше тајна, но сега стана нешто што сите можат да го слушнат. Вечниот Бог им заповеда на Неговите пророци да пишуваат за Радосната вест, па така, преку Светото Писмо сите народи да ја слушнат и да поверуваат. На единствениот Бог, на Оној што е мудар, нека Му е слава преку Исус Христос во вечни времиња! Амин! Од Павле, повикан од Бог да Му биде апостол на Исус Христос, и од нашиот брат Состен. До Божјата црква во Коринт, до вас, кои Бог ве повика да бидете Негов свет народ и ве направи свети преку Исус Христос, и вас, и сите христијани насекаде, сите што го повикуваат името на Исус Христос, нивни и наш Господ. Ви посакуваме благонаклоност и мир од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос. Постојано Му се заблагодарувам на мојот Бог за Неговата милосрдна благонаклоност што ви ја подари преку Исус Христос. Тој во секој поглед ја збогати вашата црква со надареност за говорништво и со многу знаење. Со тоа и проповедањето за Христос се зацврсти меѓу вас. Сега, додека нестрпливо го чекате повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос, не ви недостасува никаква духовна дарба. Тој ќе продолжи да ве надградува докрај, за да бидете беспрекорни на денот кога ќе се врати нашиот Господ Исус Христос. Во Бог можете да имате доверба! Тој ве повика да се здружите со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ. Сега, драги пријатели христијани, многу ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, да изградувате слога меѓу вас, за да не дојде до раздор во црквата. Треба да ги усогласите вашите идеи и планови. Од семејството на Хлое ме известија дека меѓу вас, драги мои, има поделби. Едни сте викале: „Јас сум Павлов!“ други: „Јас сум Аполосов!“, трети: „Јас сум Петров!“, четврти: „Јас сум Христов!“ Зар Христос се раздели? Павле ли беше распнат за вас? Во името на Павле ли бевте крстени? Благодарен сум Му на Бог што, освен Крисп и Гај, јас не крстив ниту еден од вас, за да не рече некој дека е крстен во мое име. (Да, ги крстив и членовите на семејството на Стефан, а не се сеќавам дали сум крстил уште некој.) Христос не ме испрати да крштавам, туку да ја проповедам Радосната вест, и тоа не со мудри говори, за да не се омаловажи силата на делото што го изврши Христос на крстот. Проповедањето за смртта на Исус на крстот им звучи бесмислено на луѓето што се на патот кон пропаста, но за нас што сме на патот на спасението тоа претставува Божја сила. Во Светото Писмо, Бог вели: „Ќе ја уништам човечката мудрост, ќе ги отфрлам нивните најостроумни идеи.“ Зашто, ни филозофите, ни законодавците, ниту научниците на овој свет не не спасија! Бог ни покажа дека мудроста на овој свет е далеку од мудрост! Кога мудриот Бог виде дека луѓето преку сопствената мудрост никогаш нема да дојдат до Него, реши да им обезбеди спасение на оние што ќе и поверуваат на оваа, навидум бесмислена порака што ние ја проповедаме. И додека Евреите бараат знаци од небото, а Грците мудруваат, ние проповедаме за Христос Кој беше распнат за да не спаси. Тоа за Евреите е неприфатливо, а за другите народи - бесмислено! Но за оние што се повикани од Бог да се спасат, без разлика дали се Евреи или се од другите народи, во Христос се покажа Божјата сила и Божјата мудрост. Овој навидум неразумен Божји план е многу помудар и од најмудрите човечки планови, и она што ни изгледа слабо од Бог е многу помоќно од сета човечка моќ. Погледнете се, драги мои, вие што сте од Бога одбрани: меѓу вас нема многумина што се мудри според човечки мерила, ни многу моќници или луѓе од благородничко потекло. Напротив, Бог ги одбра оние што овој свет ги смета за прости, за да ги посрамоти оние што се сметаат за мудри. Бог ги одбра оние што во овој свет се немоќни, за да ги посрамоти моќниците. Бог ги одбра оние што не се од благородничко потекло и оние што се презрени во овој свет, за да ги направи ништожни оние што овој свет ги смета за многу важни. Така ниеден човек не ќе може да се фали пред Бог. Бог ви овозможува и вам да се спасите преку Исус Христос, Кој стана наша мудрост од Бога, ни ја подари Својата праведност, не направи свети и ја плати цената за да не откупи. Затоа, во Светото Писмо е напишано: „Кој сака да се фали, нека се фали само со она што го стори Господ.“ Драги пријатели, кога дојдов кај вас да ви ја проповедам Божјата порака, јас не се служев со висок стил на зборување или со мудрување. Сметав дека меѓу вас не треба да ги истакнувам моите сестрани познавања, туку да ви проповедам само за Исус Христос и за Неговото распнување на крстот. Веројатно ви изгледав слаб, исплашен и растреперен. Она што ви го зборував и проповедав не се состоеше од мудро составени говори за да ве убедам, туку Светиот Дух ја покажа Својата сила меѓу вас. Постапив така за да се здобиете со вера втемелена на Божјата сила, а не на човечка мудрост. Се разбира, кога сме меѓу зрели христијани, знаеме да одржуваме и мудри говори. Но тоа не е мудрост што произлегува од овој свет или мудрост што ги привлекува владетелите на овој свет, кои кратко траат. Ние ја проповедаме Божјата таинствена мудрост која порано беше скриена, но Бог уште одамна ја беше предопределил во вечноста нам да ни донесе слава. За жал, никој од денешните владетели не ја разбра, зашто да ја беа разбрале немаше да го распнат нашиот величествен Господ. Ние го проповедаме она што во Светото Писмо е опишано вака: „Око човечко не видело, уво човечко не слушнало, ниту пак човечкиот ум можел да го замисли тоа што Бог го има приготвено за оние што Го сакаат.“ А нам Бог ни го има откриено тоа преку Својот Дух. Божјиот Дух знае се, вклучувајќи го и она што е длабоко во Божјиот ум. Зашто, како што ниеден човек не може да му ги знае мислите на друг човек, освен неговиот сопствен дух, така никој не може да ги знае Божјите мисли, освен Божјиот Дух. А Бог ни Го даде токму Својот Дух (не духот на овој свет), за да ги знаеме сите работи што ни ги подарил Тој. Кога ви зборуваме за овие работи, ние не користиме зборови на човечка мудрост, туку зборови што ни се дадени од Божјиот Дух, Кој духовните работи ги објаснува со духовен речник. Луѓето кои не се препородени од Божјиот Дух не можат да ги разберат вистините што доаѓаат од Божјиот Дух, и затоа не ги прифаќаат. Ним сето тоа им изгледа неразбирливо, а тоа е затоа што духовните работи можат да се разберат само со помош на Божјиот Дух. А луѓето кои се препородени од Божјиот Дух се способни се да разберат, иако самите нив другите луѓе не можат да ги разберат. Како што рекол пророкот Исаија: „Кој ги знае мислите на Господ? Кој Му е советник на Господ?“ А нам ни е даден Христовиот ум и затоа можеме да ги разбереме овие работи. Драги мои, додека бев кај вас, јас не можев да ви зборувам како на духовно зрели христијани. Ви зборував како на телесни луѓе, како на луѓе што во Христовата вера се новороденчиња. Ве хранев со млеко, а не со тврда храна, бидејќи се уште не бевте способни да ја примате. За жал, ни сега не сте способни. Се уште сте телесни, како луѓето од овој свет, штом си завидувате и се карате. Зар со тоа не докажувате дека сте исти како луѓето што не се христијани? Едни од вас велат дека се Павлови следбеници, а други дека се следбеници на Аполос. Зар тоа не покажува дека сте како и сите други, телесни луѓе? Кој е Аполос? Кој е Павле? Вреди ли заради нас да се карате? Ние сме само Божји слуги преку кои поверувавте. Секој од нас си ја извршуваше задачата дадена од Господ. Јас сеев, Аполос полеваше, но Бог овозможи семето да порасне. Не треба да се велича ни тој што сее, ни тој што полева, туку Бог, Кој овозможува семето да порасне. Оној што сее и оној што полева работат еднакво важни задачи и секој од нив ќе добие награда соодветна на вложениот труд. И Аполос и јас работиме за Бог, а вие сте Божја нива, Божја градба, а не наша. Користејќи ја дарбата што Бог милостиво ми ја даде, јас, како и секој мудар ѕидар, најпрво го поставив темелот, а други по мене ќе градат врз него. Но секој мора да внимава како ќе гради! Никој не смее да поставува друг темел, зашто тој е веќе поставен, а тоа е Исус Христос! Врз тој темел, некој ќе ѕида со злато, со сребро или со скапоцени камења, а друг со дрво, со сено или со слама. Но ќе дојде ден, кога сечие дело ќе излезе на видело! Секое дело, на секој христијанин, ќе биде проверено низ оган, за да му се утврди вистинската вредност. Ако делото издржи, градителот ќе добие награда; ако, пак, делото изгори, градителот ќе се соочи со голема загуба. Ќе се спаси, но како некој што поминал преку оган! Зар не сфаќате дека вие сте Божјиот храм и дека Божјиот Дух живее во вас? Ако некој го урива Божјиот храм, Бог него ќе го разурне, бидејќи Божјиот храм е свет. Тој храм сте вие, христијаните. Никој нека не се залажува! Ако некој од вас се смета за мудар според мерилата на овој свет, треба да се ослободи од таквата самоувереност, за да може да стане мудар според Божјите мерила. Зашто мудроста на овој свет е рамна на лудост пред Бог! Во Светото Писмо пишува: „Бог ги лови самоуверените мудреци во стапицата на нивното сопствено лукавство!“ И на друго место: „Господ им ги знае плановите на мудрите, знае дека во нив нема вредност!“ Затоа, никој да не се фали со човек! Вам ви припаѓа се: и Павле, и Аполос и Петар, и целиот свет; и животот и смртта, и сегашноста и иднината - се ви припаѓа вам, а вие Му припаѓате на Христос, а Христос Му припаѓа на Бог. Одговорната задача на апостолите Мене и Аполос треба да не сметате за Христови служители на кои им е доверено да раководат со Божјите тајни. А од секој раководител се бара верно да ги извршува поставените задачи. Малку ми значи вашата оценка за мене, или оценката од други луѓе. Јас дури ни самиот не се оценувам. Навистина, совеста ми е чиста, но и тоа не е доволно за да ме оправда. Господ е Тој што ќе ме оценува. Затоа, за ништо не донесувајте конечен суд предвреме, пред да дојде Господ. Тој ќе го изнесе на виделина она што за нас е скриено и невидливо и ќе ги обелодени мотивите на секое срце. Тогаш Бог секого ќе го пофали толку колку што заслужил. Драги пријатели, се посочив себеси и Аполос како пример, за да научите што значи поговорката: „Ништо повеќе од она што е напишано во Светото Писмо!“ Не треба да се вообразите, приклонувајќи се кон еден од нас, а понижувајќи го другиот. Што ти дава за право да се сметаш за повреден од другите? Што е тоа што го имаш, а да не си го добил од Бога? А ако тоа што го имаш си го добил од Бога, зошто се фалиш со тоа? Зар не се работи за подарок? Веќе се заситивте, се збогативте, и без нас си создадовте свое царство. Камо навистина да создадевте царство, па и ние ќе можевме да владееме заедно со вас! Понекогаш ми се чини дека нас апостолите Бог не поставил последни, како осуденици на смрт, јавно изложени на приказ пред целиот свет - и пред ангелите и пред луѓето! Нас не сметаат за глупави, поради посветеноста спрема Христос, а вас верата во Христос ве направи мудри. Ние сме слаби и понижени, а вие сте моќни и почитувани. Се до овој миг ние сме и гладни и жедни, во партали, тепани, без постојано место на живеење. Работиме до изнемоштеност и се издржуваме од трудот на сопствените раце. Луѓето не навредуваат, а ние ги благословуваме. Не прогонуваат, а ние трпеливо поднесуваме. Не напаѓаат, а ние одговараме со љубезни зборови. Се однесуваат спрема нас како да сме отпадок, како смет исфрлен од сите, се до денешен ден. Не ви го пишувам ова за да ве посрамам, туку да ве посоветувам како мои мили деца. Дури и да имате десет илјади учители што ќе ве поучуваат за Христос, имате само еден духовен татко. Јас ви ја донесов Радосната вест за Исус Христос и така станав ваш духовен татко. Затоа ве молам да го следите мојот пример. За таа цел го испратив кај вас Тимотеј. Тој е мое драго чедо и верен служител на Господ. Тој ќе ве потсети за она што јас го проповедам за Исус Христос по сите цркви каде што одам. Некои од вас мислат дека јас никогаш веќе нема да дојдам во вашата црква, па се поставија на високо. Но, ако даде Господ, наскоро ќе дојдам и ќе видам колку се силни оние што се креваат на големо, не на зборови, туку на дело. Зашто Божјото царство не е празни зборови. Тоа е сила! Што сакате: да дојдам кај вас со стап, или со љубов и со кроток дух!? Јавено ми е дека кај вас има некој човек што живее во блуд, и тоа таков блуд каков што нема ни меѓу паганите: блудство со својата маќеа! А вие, наместо да жалите - се гордеете! Треба да го отстраните од вашата средина тој што прави такво нешто! Иако јас сум физички отсутен, со духот сум меѓу вас. Јас веќе пресудив за тој што направил такво нешто, исто како да сум присутен. Треба да се соберете во името на нашиот Господ Исус Христос, а со вас ќе биде и мојот дух, па со силата на нашиот Господ Исус Христос, да го исклучите тој човек од црквата, препуштајќи го во рацете на Сатаната! Така тој телесно ќе биде казнет, за да биде спасен неговиот дух на Денот кога Господ ќе се врати. Не е добро што се фалите колку сте духовни, а дозволувате во вашата средина да се случуваат вакви работи! Зар не знаете дека е доволно само малку квасец, за да го скисне целото тесто? Така е и со гревот. Исчистете се од стариот квасец, односно, од гревот! Тогаш ќе бидете ново тесто, замесено без квасец. Вие сте токму тоа, бидејќи нашето пасхално Јагне, Христос, беше веќе жртвувано за нас. Немојте да го славите празникот Пасха со ,стариот квас‘, односно, така што ќе продолжите да бидете лоши и расипани, туку со ,бесквасен леб‘, односно, со искреност и духовна чистота. Бидете чисти и искрени, па прославете го со ,леб без квасец‘. Во моето претходно писмо ви напишав да се држите настрана од луѓе што се впуштаат во блуд. Притоа не мислев на луѓе кои се уште не се христијани, а живеат во блуд. Кога би требало да се држите настрана од сите што во овој свет се неморални, алчни, лажговци и што им се поклонуваат на разни идоли, би требало сосема да го напуштите овој свет! Мислев на луѓето што се нарекуваат христијани, а сепак прават блуд, или се алчни, или им се поклонуваат на идоли, или ги навредуваат другите, или се опиваат или мамат. Со такви немојте дури заедно ни да јадете! Зар е моја работа да судам за оние што се надвор од црквата? Не треба ли и вие најнапред да се грижите какви се оние што се внатре во црквата? На оние што се надвор, Бог ќе им суди, а нам Светото Писмо ни порачува: „Отстранете го од вашите редови секој што е зол!“ Кога меѓу двајца христијани има некој спор, им прилега ли случајот да го изнесуваат пред световен суд, наместо да побараат помош од други христијани? Зар не знаете дека еден ден, ние, христијаните, ќе му судиме на овој свет? Ако вие треба да му судите на целиот свет, зарем не сте способни да разрешите дури и најситен меѓусебен спор? Зар не знаете дека ние, христијаните, ќе им судиме дури и на ангелите? Тогаш, колку полесно треба да ги разрешуваме овоземните несогласувања! Кога спорите за најобични, секојдневни работи, зошто одите да се судите пред луѓе кои црквата воопшто не ги цени!? Треба да се засрамите што сум принуден да ви го кажувам ова! Нема ли меѓу вас христијаните барем еден мудар човек кој би можел да пресудува во вашите меѓусебни спорови? Туку дозволувате еден христијанин да се суди со друг христијанин, и тоа пред суд на неверници! Самото тоа што вие воопшто се тужите еден со друг, несомнено претставува пораз за вас. Зошто не истрпите, макар и да сте онеправдани? Зошто не ја прежалите штетата што евентуално ви е нанесена? Наместо тоа, вие самите правите неправди и им нанесувате штета на своите сохристијани! Зар не знаете дека неправедниците нема да бидат меѓу наследниците на Божјото царство? Немојте да се залажувате! Ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубниците, ни полово изопачените, ни хомосексуалците, ни крадците, ни алчните, ни пијаниците, ни клеветниците, ни измамниците нема да бидат меѓу наследниците на Божјото царство! И некои од вас бевте такви, но сега сте исчистени, станавте свети и оправдани пред Бог преку делото на Господ Исус Христос и Духот на нашиот Бог. Некои од вас велат: „Имам слобода да правам што сакам!“ Да, но не е се полезно! Иако имам слобода да правам што сакам, нема да дозволам да робувам на нешто. Велите: „Храната е наменета за стомакот, а стомакот за храната!“ Да, но еден ден Бог ќе ги уништи и стомакот и храната. Телото не постои со него да правиме блуд. Нашите тела Му припаѓаат на Господ, зашто Господ ги создал. Бог ќе ги воскресне и нашите тела со истата моќ со која Го воскресна и нашиот Господ. Зар не сфаќате дека вашите тела се органи на Христовото тело? Треба ли сега јас да земам нешто што е Христово и да го соединам со проститутка? Никако! Или не ви е јасно дека оној што се соединува со проститутка станува едно со неа? Светото Писмо вели: „Двајцата ќе станат едно тело.“ На сличен начин, Кој се соединува со Господ, станува еден дух со Него. Бегајте од блудот! Секој друг грев што човек може да го направи е надвор од неговото тело, но со блудот греши против сопственото тело. Зар не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој ви е подарен од Бог за да живее во вас? Вие не сте ваша сопственост. Откупени сте со скапа откупнина! Затоа, користете ги вашите тела со нужната почит спрема Бог. А сега да ви одговорам на прашањата што ми ги поставивте во вашето писмо. Прво: Да, добро е човек да не се жени. Но, поради опасност од блудства, секој маж треба да има своја жена и секоја жена свој маж. Мажот нека ги исполнува брачните должности спрема својата сопруга, а исто така и жената спрема својот сопруг. Телото на жената не е само нејзино, туку му припаѓа и на нејзиниот сопруг. Исто така и телото на мажот не е само негово, туку и на неговата сопруга. Затоа, не лишувајте се еден од друг, освен, по исклучок, ако така заедно се договорите, и тоа нека биде само за извесно време и со цел да се посветите на молитва. Потоа вратете се на нормалниот интимен живот, за да не ве наведе на искушение Сатаната, користејќи ја вашата невоздржливост. Ова ви го кажувам како нешто што е дозволено, а не како заповед. Би сакал секој човек да биде самостоен, како што сум јас. Но не сме сите исти. Бог некого дарувал да живее во брак, а друг да живее како самец. На неженетите и на оние чиј брачен другар починал, им препорачувам: да останат самостојни, како што сум и јас. Но, ако не можат да издржат, нека стапат во брак, зашто подобро е да се во брак, отколку страста постојано да гори во нив. На оние што се во брак им заповедам да не се разведуваат. Тоа не е заповед од мене, туку од Господ. Жената нека не се разведува од својот сопруг. Ако сепак се разведе, да не стапува во нов брак, или нека му се врати на својот маж. Истото важи и за мажите: да не се разведуваат од своите сопруги. На другите можам да им дадам мој совет. Тоа не е заповед од Господ, туку мој личен совет. Ако некој христијанин има сопруга што не е христијанка и таа сака да живее со него, нека не ја остава. Така, и ако христијанка има сопруг што не е христијанин и тој сака да живее со неа, нека не го остава, бидејќи жената христијанка му носи светост на својот брак, па со тоа и на мажот, иако тој не е христијанин. Така е и кога мажот е христијанин, а неговата сопруга не е; тој му носи светост на својот брак, а со тоа и на својата сопруга. Кога не би било така, вашите деца би биле нечисти, а сега тие се свети. Ако брачниот другар што не е христијанин сака да се разведе, нека си оди. Во таков случај, не сте должни да живеете во постојани расправии, зашто Бог сака Неговите деца да живеат во мир. Впрочем, можете ли да бидете сигурни дека ќе успеете да го убедите вашиот брачен другар да стане христијанин и да се спаси? Секој нека остане во ситуацијата во која Господ го избрал, кога Бог го повикал да поверува. Ова правило го кажувам по сите цркви. На пример, ако некој, пред да биде повикан да поверува, веќе бил обрежан, нека не го крие тоа. Ако не бил обрежан, нека не се обрежува. Дали човек е обрежан или не, воопшто не е важно. Важно е да живееме според Божјите заповеди. Секој нека остане во онаа состојба во која бил кога Бог го повикал. Ако си бил роб кога Бог те повикал да поверуваш во Христос, и се уште си роб - не вознемирувај се! Но ако ти се укаже можност да станеш слободен, искористи ја. А за Господ, оној што бил повикан како роб, е слободен, а оној што бил повикан како слободен човек, сега е роб на Христос. Скапо сте платени и сега и едните и другите сте „Христови робови“, и немојте на никој друг да му слугувате! Значи, драги пријатели, секој нека остане во ситуацијата во која ве затекнал Божјиот позив. За девојките немам посебна заповед од Господ, но можам да ви го кажам моето мислење и сметам дека можете да ми верувате како на човек спрема кого Господ покажал милостива благонаклоност. Сметам дека, поради тешкотиите низ кои сега минуваме, добро е човек да остане во состојбата во која е затекнат. Ако си во брак, не барај развод, а ако не си, не настојувај да стапиш во брак. Ако сепак стапиш во брак, тоа не е грев. Ако една девојка стапи во брак, тоа не е грев. Но, ќе помине низ многу овоземни неволи од кои се обидувам да ве поштедам. Она што сакам да ви го кажам, драги мои, е дека времето што ни преостанува е кратко: Господ брзо ќе дојде, па малку е важно дали сте во брак или не. Наскоро ќе биде неважно дали сте живееле во тага или во радост, дали сте имале имот или не, дали сте добиле нешто од овој свет или не, бидејќи овој свет, во сегашниот облик, ќе го нема. Би сакал да бидете ослободени од овоземните грижи. Неоженет човек може да му се посвети на Господовото дело, трудејќи се да Му угоди на Господ, а оној што е оженет се грижи и за овоземни работи, бидејќи сака да и угоди и на својата сопруга. Неговото внимание е поделено. На ист начин, и немажена жена или девојка можат да му се посветат на Господовото дело, па така ќе бидат свети и телесно и духовно. Мажената жена, пак, се грижи и за овоземни работи, за да може да му угоди на својот сопруг. Ова ви го пишувам за ваше добро, а не за да ве ограничувам. Само сакам да Му бидете приврзани на Господ со неподелено внимание. Ако некој има девојка во зрели години и смета дека не е убаво да ја остави немажена, нека постапи според своето убедување. Бракот не е грев! Но ако некој цврсто решил да не се жени, односно, не чувствува таква потреба и може да ги контролира сопствените страсти, тогаш нека не се жени, туку нека остане девственик. И во тој случај добро ќе направи. Значи, сосема е во ред ако некој реши да заснова брак, но уште подобро е ако човек може да остане самец. Секоја сопруга има обврска да остане со својот сопруг се додека е тој жив. Ако тој почине, таа е слободна да се омажи за кого што сака, но треба да ги следи правилата на Господ. Сепак, верувам дека таа ќе биде посреќна ако не се премажува и, кога го велам ова, сметам дека Божјиот Дух ви дава совет преку мене. А сега, во врска со храната принесена како жртва на идоли. Сите ние имаме некое знаење. Но знаењето создава горделивост, а љубовта е таа што изградува. Ако некој мисли дека многу знае, тој се уште не знае колку што треба да знае. Бог ги познава и ги признава за Свои само оние што имаат љубов спрема Него. Во врска со јадењето на храна што е принесена како жртва на идоли, сите ние знаеме дека идолите не се богови. Постои само еден единствен Бог и освен него друг бог нема. За некои луѓе постојат многу „богови“ и господари, и на небото, и на Земјата. Но ние имаме само еден Бог, нашиот небесен Татко. Тој е Создателот на се и ние за Него живееме. Имаме само еден Господ, и тоа е Исус Христос. Се е преку Него создадено, вклучувајќи не и нас, луѓето. Но ваквото знаење го немаат сите. Некои луѓе се навикнати да почитуваат идоли и да јадат храна принесена како жртва, со што си ја опогануваат својата слаба совест. Храната нема да не приближи до Бог: ништо не губиме ако не јадеме, и ништо не добиваме ако јадеме! Само внимавајте, слободата што ја имате да не им стане повод за духовно разочарување на оние што не се доволно утврдени во христијанската вера. Еве што може да се случи: некој христијанин, што смета дека е погрешно да се јаде оваа храна, може да те види во идолски храм како јадеш од принесената храна. Иако ти не го правиш тоа затоа што веруваш во идоли, твојот пример може да го поттикне тој човек да постапи спротивно на својата совест, па и тој да почне да јаде храна принесена како жртва на идоли. Иако ти имаш правилно знаење, твојот пример може да влијае погубно врз друг христијанин. А Христос умре и за него! Грешејќи така против другите христијани, ранувајќи ја нивната слаба совест, вие, всушност, грешите против Христос. Затоа, ако храната што ја јадам наведува некој од моите пријатели да направи грев, ќе престанам да јадам месо до крајот на мојот живот! Не сакам јас да бидам причината некој од моите пријатели христијани да биде наведен на грев! Зар јас немам иста слобода како другите? Зар јас не сум апостол? Зар лично не сум Го видел нашиот Господ Исус? Зар не поверувавте во Господ преку мојот труд? Ако за некои не сум апостол, за вас сигурно сум! Вие сте, всушност, жив доказ дека јас сум апостол на Господ. Мојата одбрана пред оние што го доведуваат во прашање мојот авторитет како апостол гласи: Зар јас и Барнаба немаме право на храна и вода во вашите домови? Зар ние немаме право да се ожениме со христијанки и да ги водиме со нас, како што прават другите апостоли, браќата на Господ, па и Петар? Зар само јас и Барнаба мораме самите да се издржуваме додека проповедаме? Кој војник сам си ги плаќа трошоците на своето служење? Кој одгледува лозје, а не јаде од неговиот род? Кој пасе овци, а не пие млеко од нив? Не го зборувам тоа само од човечка гледна точка. Зар и Божјиот Закон не го вели истото? Во Мојсеевиот Закон е запишано: „Не врзувај му ја устата на добитокот што врши жито.“ Бог сигурно не мисли тука првенствено на добитокот. Зар тоа не е кажано за нас? Како што им следува надомест на оној што ора и на оној што врши, така им следува и на оние што се духовни работници. Ако ние во вас посадивме духовни добра, зар е голема работа ако за возврат добиеме дел од вашите материјални добра? Ако други луѓе имаат такво право на издршка од вас, зар ние не сме позаслужни од нив? Сепак, ние не го искористивме тоа право. Поднесуваме се, само да не создаваме пречки за ширењето на Радосната вест од Христос. Зар не знаете дека оние што ги извршуваат светите служби во храмот се издржуваат од подароците донесени во храмот, а и оние што служат на жртвеникот добиваат дел од принесеното? Така Господ определи и оние што ја проповедаат Радосната вест, од тоа да се издржуваат. Сепак, јас не искористив ниту едно од овие права и не ви го пишувам ова за да барам од вас издршка. Попрво ќе умрам, ама нема да дозволам некој да ми ја уништи репутацијата дека работам без надомест. Тоа што ја проповедам Радосната вест не го сметам за причина да се фалам. Се чувствувам должен тоа да го работам и тешко мене ако не ја проповедам Радосната вест! Да го работев тоа по моја лична определба, ќе заслужував надомест. Но за мене тоа е обврска што Бог ми ја довери. Тогаш, каква награда добивам јас? Тоа е честа да ја проповедам Радосната вест, без да имам материјална корист и без да ги искористувам правата што ми следуваат како на проповедник. Јас не бев должен да им се покорувам на луѓето, бидејќи од нив не добивав плата, но сепак им станав слуга на сите за да ги доведам кај Христос. Кога сум со Евреи, живеам како Евреин, за да ги доведам кај Христос. Тие му се потчинуваат на Мојсеевиот Закон, па и јас се придржувам кон истиот Закон, за да можам да ги доведам кај Христос, иако јас веќе не сум под тој Закон. Кога сум со луѓе што не го признаваат Мојсеевиот Закон, го оставам Законот настрана, та и нив да ги доведам кај Христос. Се разбира, јас не живеам без закон, зашто го почитувам Божјиот Закон, односно, се раководам од Христовиот закон. Кога сум со сиромаси и јас живеам како нив, па и нив да ги доведам кај Христос. Кон сите се сообразив, сите начини ги применив за да спасам некои од нив. Сето тоа го правам за да се шири Радосната вест, па и јас да уживам во благословите што таа ги носи. Знаете дека на трката трчаат сите натпреварувачи, но само еден ја добива наградата. И вие треба да трчате со цел да победите! Секој атлетичар се одрекува од многу нешта, за да добие награда што нема долго да вреди, а нашата награда вечно ќе вреди. Јас не трчам кон нешто неизвесно, не удирам во празно, туку го вежбам моето тело на издржливост и го обуздувам, за да не се случи, додека им проповедам на другите, самиот да испаднам од трката. Драги мои, сакам да ве потсетам на нашите предци кога патуваа низ пустината. Бог ги водеше, испраќајќи подвижен облак да ги води; сите безбедно минаа преку морето. Како следбеници на Мојсеј, тие беа крстени во морето, со Божјиот облак над нив. Сите ја јадеа истата храна што ја добиваа на чудотворен начин, сите ја пиеја истата вода што потече за нив на чудотворен начин, зашто тие пиеја од духовната Карпа која ги придружуваше. Таа „Карпа“ беше Христос. Сепак, со повеќето од нив Бог не беше задоволен. Затоа тие изумреа, а нивните тела останаа расфрлени по пустината. Тоа што им се случи е поука за нас, за да не посакуваме зли нешта, како што посакуваа тие, да не станеме идолопоклоници, како што станаа некои од нив. За ова во Светото Писмо пишува: „Луѓето славеа со гозби и пијанки, а потоа заиграа пагански игри!“ Да не вршиме блуд, како што вршеа некои од нив поради што само во еден ден загинаа дваесет и три илјади души! Да не Го предизвикуваме Господ, како што некои од нив Го предизвикуваа, па загинаа каснати од змии. Немојте да негодувате, како што некои од нив негодуваа, па Господ го испрати ангелот на смртта да ги погуби. Ова што им се случи ним, треба да биде поука за нас. Тоа е запишано во Светото Писмо како предупредување за нас што живееме во овие последни денови. Затоа, секој што мисли дека е цврст спрема искушенијата, нека внимава да не потклекне. Искушенијата ги сполетуваат сите луѓе, но тие не се над вашите сили. Тој нема да дозволи да бидете искушувани повеќе отколку што можете да поднесете. А за секое искушение ќе ви покаже излез и ќе ви даде сили да се одбраните. Затоа, драги мои, пазете се од идолопоклонство. Вие сте разумни луѓе и самите можете да расудите за ова што ќе ви го кажам. Кога на Господовата вечера пиеме од чашата над која молиме Божји благослов, не земаме ли учество во придобивките што произлегуваат од Христовата крв? Кога го кршиме лебот и го јадеме, не земаме ли учество во придобивките што произлегуваат од Христовото тело? Со тоа што јадеме од еден ист леб покажуваме дека сите ние сме едно тело. Погледнете ги Израелците како народ. Тие, јадејќи од жртвите принесени на еден ист жртвеник, покажуваат дека се еден народ. Што сакам да кажам со ова? Дали идолите на кои паганите им принесуваат жртви се вистински богови и дали од тие жртви има некаква придобивка? Се разбира, не! Она што тие го принесуваат како жртва им го принесуваат на демоните, а не на Бог, а јас не сакам вие да општите со демони. Не може да пиете од чашата на Господ, а потоа и од чашата на демоните! Не може да седите на Господовата трпеза, а потоа и на демонската трпеза! Зар ќе предизвикуваме љубомора кај Господ? Зар сме ние посилни од Него? Велите: „Имаме слобода да правиме што сакаме!“ Да, но не е се полезно! Иако имаме слобода да правиме што сакаме, не придонесува се за наше изградување! Ниеден од нас не треба да ги гледа само своите интереси, туку да водиме сметка и за другите луѓе. Еве како треба да постапувате. Слободно јадете од секое месо што се продава на пазар, без да се распрашувате дали било наменето за идоли; така нема да ве гризе совеста. А Светото Писмо вели: „Господова е Земјата и се што ја исполнува.“ Ако некој што не е христијанин ве покани на вечера и вие сакате да одите, одете слободно. Јадете од се што ќе ви биде принесено, без да се распрашувате дали таа храна била наменета како принос за идоли; така нема да ве гризе совеста. Но ако некој ве предупреди и ви рече: „Таа храна е од приноси на идоли“, тогаш немојте да јадете, заради совеста на тој што ви го рекол тоа. Значи, не заради вашата совест, туку заради совеста на тој што ве предупредил. Можеби некој ќе рече: „Зошто мојата слобода да биде ограничена од тоа што им ја обременува совеста на други луѓе!? Ако јас Му се заблагодарувам на Бог за она што го јадам, зошто некој да ме напаѓа поради тоа што го јадам!?“ Но дури и јадењето, пиењето, па и секоја наша постапка треба да биде за Божја слава. Затоа, немојте да ги соблазнувате ни Евреите, ни другите народи, ни оние што и припаѓаат на Божјата Црква. Правете како што правам јас: на сите се обидувам да им угодам и не правам онака како што би било најдобро за мене, туку пред се, мислам на другите луѓе. Така постапувам затоа што сакам тие да се спасат. Следете го мојот пример, како што јас го следам примерот на Христос. Мило ми е, драги пријатели, дека постојано сум ви во мислите и ве пофалувам дека точно го следите христијанското учење, онака како што ви го пренесов. Но има нешто што сакам да го знаете: Секој маж има свој поглавар, а тоа е Христос, и секоја жена има свој поглавар, а тоа е нејзиниот маж. И Христос има свој поглавар, а тоа е Бог. Секој маж што се моли или пророкува со покривало на главата го срамоти својот поглавар, односно Христос. И секоја жена што се моли или пророкува гологлава, го срамоти својот поглавар, односно мажот, зашто тоа е исто како да и е избричена главата. Ако некоја жена не сака да носи покривало на својата глава, тоа е како да е сосема истрижена! А бидејќи е срамно жените да бидат истрижени или со избричена глава, нека носат покривала. Мажот не треба да носи покривало на главата бидејќи тој ја одразува Божјата слава и беше создаден според Божјиот лик. Жената пак, ја одразува славата на мажот. Зашто првиот човек не беше создаден од жена, туку жената беше создадена од маж. Не беше мажот создаден заради жената, туку жената заради мажот. Затоа жените треба да носат покривала на главата како знак на потчинетост, бидејќи ангелите гледаат. Но според Господ, ниту мажот е независен од жената, ниту жената е независна од мажот. Како што жената потекнува од мажот, така и мажот дошол на свет преку жена, а Создател на се што суштествува е Бог. Кажете сами, дали прилега жена да Му се моли на Бог без покривало на главата? Зар самата природа не ве учи дека на мажот не му прилега да носи долга коса? Од друга страна, за жената долгата коса е украс. Таа и е дадена како еден вид покривало на главата. Но, ако некој има намера да се препира околу ова прашање, ниту ние, ниту другите Божји цркви немаме таков обичај. За следното прашање, за кое ќе ви дадам упатства, не можам да ве пофалам, зашто се чини дека вашите собирања предизвикуваат повеќе штета одошто полза! Пред се, слушам, а делумно и верувам во тоа, дека, кога се собирате на богослужби, меѓу вас има подвоеност. Неизбежно е и меѓу вас да се појават групи што ќе се отцепат од вас. Но така ќе се види кој се држи до вистината. Слушам дека кога се собирате на Господовата спомен-вечера секој гледа брзо да си го изеде тоа што го донесол, па еден останува гладен, а друг се опива! Си немате ли вие куќи, па таму да јадете и да пиете? Или сакате да ги презирате сиромашните во Божјата црква!? Што да ви кажам? Зар да ве фалам? За тоа не можам да ве пофалам! И вам ќе ви го пренесам она што Господ мене ми го предаде. Ноќта кога беше предаден, Господ Исус зеде леб, се заблагодари, го раскрши и рече: „Ова е Моето тело што се крши за вас. Правете го ова како спомен за Мене.“ Исто така, по вечерата зеде чаша со вино и рече: „Оваа чаша е Новиот завет меѓу Бог и вас, запечатен со Мојата крв. Потсетувајте се на ова секогаш кога ќе пиете за сеќавање на Мене.“ Секојпат кога за оваа цел јадете од лебот и пиете од чашата, ја прикажувате смртта на Господ, се додека Тој повторно не дојде. Секој што недостојно јаде од лебот или пие од чашата Господова, виновен е за непочитување на телото и крвта на Господ. Секој прво нека се преиспита, а потоа нека јаде од лебот и нека пие од чашата принесена како Господова спомен-вечера. Зашто, оној што зема учество во спомен-вечерата Господова, а нема правилна вера, разбирање и почит спрема телото на Господ, си навлекува осуда врз себе! Затоа меѓу вас има многу слаби и болни, а некои дури и починаа. Кога самите себеси би се преиспитувале, не би биле казнувани. А кога Господ не кара и казнува, тоа е за да не поправи, па да не бидеме осудени заедно со неверничкиот свет. Затоа, драги мои, кога се собирате да ја јадете Господовата спомен-вечера, причекувајте се! Ако е некој гладен, нека јаде дома. Така вашите собирања нема да ви носат осуда. А за другите работи, ќе ви дадам упатства кога ќе дојдам. А сега, драги пријатели христијани, сакам да ви напишам нешто и за духовните дарби, односно за даровите што Светиот Дух му ги дава на секој од нас, за да немате погрешна претстава по ова прашање. Знаете дека кога бевте пагани вие бевте заведени и влечени кон обожавање на неми идоли. Затоа сакам да ви кажам како да разликувате дали нешто е навистина од Бог: како што ниеден човек кој е воден од Божјиот Дух не може да Го колне Исуса, така и никој не може да исповеда дека Исус е Господ, доколку не е воден од Светиот Дух. Постојат разни духовни дарби, но сите нив ги дава истиот Дух. Постојат различни начини на кои секој од нас помага во Црквата, но сите ние работиме за истиот Господ. Постојат различни начини на кои Бог дејствува во нашите животи, но преку сите нас работи истиот Бог. Преку секој од нас, Светиот Дух дејствува за општа полза на сите. На некои луѓе Светиот Дух им дал дарба мудро да зборуваат, на други им дал особено знаење. Истиот Дух на едни луѓе им дава посебна вера, а на други - дарба да исцелуваат. На некои луѓе им дава моќ да прават чуда, на други да пророкуваат; на некои луѓе им дава способност да распознаваат дали духот што зборува навистина е од Бог или не, на други да зборуваат на различни јазици, а на трети, пак, да преведуваат од различни јазици. Сите овие нешта ги прави единствениот и истиот Свет Дух, Кој ги распоредува даровите онака како што лично Тој ќе реши. Споредба со органите во телото Како што едно живо тело е составено од многу органи и сите тие многубројни органи сочинуваат едно исто тело, така е и со Црквата, која е Христово тело. Нас не има Евреи и припадници на други народи, некои од нас се робови, а некои слободни. Сепак Божјиот Дух сите нас не крсти и од нас направи едно тело. Секој од нас го прими истиот Дух. Телото не е составено само од еден орган, туку од повеќе органи. Ако ногата рече: „Јас не сум дел од телото, бидејќи не сум рака!“ Дали тоа што е нога, а не рака, е причина да не се смета за дел од телото? Или ако увото рече: „Јас не сум дел од телото, бидејќи не сум око!“ Дали тоа што е уво, а не око, е причина да не се смета за дел од телото? Ако целото тело беше само око, како ќе слушавме? Ако целото тело беше само уво, како ќе чувствувавме мириси? Но Бог го создаде нашето тело со многу органи и ги постави онаму каде што сметал дека им е местото. Ако има само еден орган, тоа нема да претставува тело! Телото е едно, но се состои од многу органи. Окото не може да и каже на раката: „Не си ми потребна!“, ниту главата може да им каже на нозете: „Не сте ми потребни!“ Напротив, органите што ни изгледаат послаби се многу понеопходни, а на оние што ги сметаме за понеугледни им посветуваме поголемо внимание! Значи, поголемо внимание им посветуваме на нашите понеугледни органи, зашто угледните органи немаат потреба од тоа. Бог така го составил телото, што им дал поголема чест на органите кои ние не ги истакнуваме. Така во самото тело нема неединство, туку органите еднакво се грижат еден за друг. Кога еден орган страда, со него страдаат сите органи. Кога на еден орган му се оддаде признание, со него се радуваат сите органи. Сите заедно, вие сте Христово тело, а секој поединец е посебен орган во тоа тело. Во Христовото тело, односно во Црквата, Бог поставил: прво апостоли, второ пророци, трето учители, по нив се оние што прават чуда, па оние што имаат дарба да исцелуваат, па оние што им помагаат на другите, па оние што умеат да управуваат и оние што зборуваат разни јазици. Зар треба сите да бидат апостоли? Треба ли сите да бидат пророци? Зар треба сите да бидат учители? Може ли сите да прават чуда? Може ли сите да имаат дарба да исцелуваат? Треба ли сите да зборуваат на разни јазици? Може ли секој да преведува од друг јазик? Се разбира, не! Стремете се кон поголеми дарби! А јас ќе ви покажам што е неспоредливо подобро од која и да е дарба! И да умеам да зборувам на сите можни јазици, човечки и ангелски, а немам љубов, јас би бил како гонг што одѕвонува, како цимбал што ѕвечи. И да имам дарба да пророкувам, да ги знам сите тајни, да го имам собрано целото знаење, да имам вера што може планини да преместува, а немам љубов - не вредам ништо! И да раздадам на сиромаси се што имам, па и сопственото тело да си го жртвувам, а немам љубов - ништо не сум постигнал! Да имаш љубов, значи: да имаш голема стрпливост и да бидеш љубезен. Да не си завидлив, да не се фалиш, да не се вообразуваш. Да не бидеш груб, да не бидеш себичен, да не бидеш избувлив, да не паметиш зло. Да не се радуваш на ниедна неправда, а да се радуваш на вистината. Секогаш да имаш разбирање за другите, секогаш да веруваш, секогаш да се надеваш и се да поднесуваш. Љубовта е вечна, а пророкувањата ќе престанат, зборувањето на непознати јазици ќе молкне, сегашното знаење ќе се надмине. Зашто, нашето знаење е нецелосно, па и пророштвата само малку ни откриваат; а кога ќе дојде времето на совршенството, се што е нецелосно ќе исчезне. Кога бев дете, зборував како дете, размислував како дете и расудував како дете. Кога станав зрел човек, престанав да се однесувам како дете. Ние сега гледаме нејасно, како во замаглено огледало, а тогаш ќе бидеме лице в лице со Бог, и се ќе ни стане јасно. Се што знам сега е нецелосно, а тогаш се ќе знам совршено, како што мене Бог совршено ме познава. Има три работи што ќе опстојат: верата, надежта и љубовта; а од сите нив, најголема е љубовта. Љубовта нека ви биде највозвишената цел! Бидете желни и за духовни дарби, а посебно за дарба да пророкувате. Зашто, кога некој зборува на непознати јазици, Бог ќе го разбере, но не и луѓето. Тоа што го зборува воден од Светиот Дух, ќе остане тајна за луѓето. А оној што пророкува, им зборува на луѓето за да ги поучи, да ги опомене и да ги утеши. Оној што зборува на непознати јазици, самиот себе се надградува, а оној што пророкува ги надградува сите што се во црквата. Би сакал сите вие да имате дарба да зборувате на непознати јазици, но повеќе би сакал да умеете да пророкувате. Оној што пророкува извршува поважна служба од оној што зборува на јазици, освен ако има и превод, па луѓето во црквата да можат да се поучат. Драги мои, ако дојдам кај вас и ви зборувам на непознати јазици, каква полза ќе имате, ако не ви откријам што значи тоа? Каква полза ќе имате ако не ви кажам нешто што не го знаете, ако не ви пророкувам и не ве поучам? Дури и музичките инструменти, како, на пример, флејта или харфа, иако не се живи суштества, треба да испуштаат јасни тонови, инаку како ќе ја распознаваме мелодијата? Ако трубата не дава препознатлив звук, како ќе знаат војниците дека треба да се подготват за борба? Така и вие, ако не ја пренесете пораката со разбирливи зборови, како ќе се знае што сте рекле? Зборувањето ќе ви биде во ветер! На светот постојат многу јазици и сите си имаат смисла за оние што ги разбираат. Но ако јас не го знам јазикот, ниту јас ќе можам да го разберам човекот што ми зборува на тој јазик, ниту тој ќе може да ме разбере мене. Затоа, кога сте веќе толку желни за духовни дарби, барајте такви дарби што ќе бидат најполезни за Црквата. Оној што има дарба да зборува на туѓ јазик треба да се моли и за способност да им го преведе на слушателите. Зашто, ако се молам на јазик што не го разбирам, мојот дух се моли, но мојот разум нема никаква полза од тоа. Значи, што треба да правам? Да се молам со мојот дух, но да биде вклучен и мојот разум! Да пеам со мојот дух, но да биде вклучен и мојот разум. Во спротивно, ако се молите само во својот дух, како може оној што не ве разбира да каже „Амин“ на вашите искажани благодарности, кога не разбира што сте рекле? Вие можеби сте Му се заблагодариле на Бог на прекрасен начин, но во тоа нема поука за другите. Благодарен сум Му на Бог што јас зборувам повеќе јазици од сите вас, сепак во црквата претпочитам да кажам пет збора што сите ќе ги разберат и од нив ќе се поучат, отколку десет илјади зборови на јазик што никој не го разбира. Драги пријатели христијани, немојте да се однесувате како да сте со детски ум! Во однос на злото, треба да бидете наивни како деца, но во расудувањето бидете со зрели умови. Во Светото Писмо е напишано: “Ќе му се обратам на овој народ на разни јазици, преку луѓе кои ќе им говорат на разни јазици, но ни тогаш нема да Ме послушаат“ - вели Господ. Духовниот дар да се зборува на туѓи јазици можеби им значи нешто на оние кои се уште не поверувале, но не и на оние што веруваат. Пророкувањето, од друга страна, е првенствено наменето за оние што веруваат, а не за оние што не веруваат. Замислете да се собере целата црква и сите да почнат да зборуваат на непознати јазици; ако влезе некој неупатен или неверен, зар нема да помисли дека сте полуделе!? Но ако во црквата се пророкува, па влезе некој неупатен или неверник, ќе слушне, ќе сфати дека е грешен и дека начинот на кој живее е за осуда. Додека слуша, ќе му бидат разоткриени тајните на неговото срце, па ќе клекне на колена и ќе Му се помоли на Бог, признавајќи дека Бог навистина е овде, меѓу вас. Значи, што барам јас од вас, драги пријатели христијани? На вашите собранија, некој ќе сака да каже псалм, некој поука, некој нешто што Му е откриено од Бог, некој ќе зборува на непознат јазик, друг ќе го преведува. Сите тие нешта треба да бидат за ваша духовна изградба. Ако некои посакаат да зборуваат на непознат јазик, нека зборуваат двајца или најмногу тројца и тоа еден по еден, а некој нека ги преведува. Ако нема кој да ги преведува, нека не зборуваат јавно во црквата, туку приватно, пред Бог. И кога се пророкува, нека зборуваат двајца или тројца, а другите нека размислуваат за кажаното. Ако некој од учесниците добие откровение од Бог, оној што зборува тогаш треба да заврши, па да почне другиот да зборува. Така сите што пророкуваат ќе можат да зборуваат, но само еден по еден, за сите да можат да научат нешто и да се охрабрат. Зашто и луѓето што пророкуваат треба да се воздржуваат и да си го чекаат својот ред! Бог не сака безредие, туку сака се да се одвива во ред и мир, како што е во сите христијански цркви. Жените не треба да говорат на богослужбите. Тие треба да молчат и да слушаат, како што наложува Мојсеевиот Закон. Ако нешто не им е јасно, нека ги прашаат дома своите мажи. На жена не и прилега да говори на богослужба. Божјото слово, драги христијани во Коринт, ниту започна од вас, ниту завршува кај вас! Ако некој се смета за пророк или за духовен човек, ќе сфати дека овие работи што ви ги напишав се заповеди од Господ. Ако некој го отфрла ова, Господ ќе го отфрли него! Така, драги мои, бидете желни да пророкувате. Не забранувајте го зборувањето на непознати јазици, но се мора да се прави пристојно и уредно! Драги пријатели христијани! Сакам да ве потсетам на Радосната вест што ви ја проповедав, која вие ја прифативте и која ви стана основа на верата. Таа Радосна вест што јас ви ја проповедав ќе ви донесе спасение, доколку цврсто се држите до неа, освен ако немате празна или лажна вера. Јас најпрвин ви ја пренесов најважната порака, онака како што и мене ми беше пренесена: Христос умре за нашите гревови, согласно со предвестувањето запишано во Светото Писмо; беше погребан и воскресна на третиот ден, согласно со предвестувањето запишано во Светото Писмо. Воскреснатиот Христос му се јави на Петар и на дванаесетте апостоли, а подоцна и на повеќе од петстотини Негови следбеници заедно, од кои повеќето се уште се живи, иако некои веќе починаа. Потоа му се јави на Јаков, а на крајот повторно на сите апостоли. Најпосле, по извесно време, ми се јави и мене, како на духовно недоносче. Јас се сметам за најмал меѓу апостолите. Не заслужувам дури ни да се наречам апостол, бидејќи јас ја прогонував Божјата Црква. Но, Бог ми беше милостиво благонаклонет, па станав тоа што сум и ја оправдав Неговата благонаклоност спрема мене. Работев најмногу од сите апостоли, иако за тоа не сум заслужен јас, туку Божјата благонаклоност спрема мене. Сепак, не е важно дали проповедам јас или некој од другите апостоли. Важно е тоа што го проповедаме, и тоа што вие поверувавте. Ако е јасно посведочено дека Христос воскресна од мртвите, како тоа некои од вас велат дека мртвите нема да воскреснат? Ако е невозможно мртвите да воскреснуваат, тогаш ни Христос не воскреснал! А ако Христос не воскреснал, тогаш се без основа и нашето проповедање и вашата вера! Зашто, би испаднало дека тоа што ние го кажуваме за Бог е лага, бидејќи ние сме сведоци дека Бог Го воскресна Христос; а ако е невозможно мртвите да воскреснуваат, тогаш значи Бог не Го воскреснал Христос! Ако е невозможно мртвите да бидат воскреснати, произлегува дека ни Христос не бил воскреснат. Ако Христос не бил воскреснат, тогаш вашата вера е безвредна - вие сте и понатаму под осуда на вашите гревови! Тоа би значело дека и луѓето што починаа со вера во Христос се неповратно загинати! Ако ние се надеваме на Христос само за овој живот, тогаш ние сме најмизерни од сите луѓе на светот! Но Христос воскресна од мртвите! Тој стана прв плод од големата жетва на сите што ќе бидат воскреснати од мртвите. Како што смртта дојде на овој свет преку еден човек, Адам, така преку еден човек дојде и воскресението на мртвите, имено, преку Христос. Како што сите умираме поради нашата поврзаност со Адам, така сите што се поврзани со Христос повторно ќе оживеат, но според утврдениот ред. Прво воскресна Христос, а потоа, кога Тој ќе се врати, ќе воскреснат и Христовите следбеници. Потем ќе дојде крајот. Христос ќе ги уништи сите зли владетели, власти и сили и ќе Му го предаде царувањето на Таткото Бог. Зашто Христос ќе владее се додека не ги собори и згази сите Свои непријатели. Последниот непријател што ќе биде уништен ќе биде смртта. Кога Светото Писмо вели: „Се ќе покори под Своите стапала,“ јасно е дека тоа не Го вклучува Бога, зашто Бог е Тој што ќе покори се и ќе Му го потчини на Христос. Кога се ќе биде под власта на Божјиот Син, тогаш Самиот Тој ќе Му се потчини на Бог, Кој претходно Нему Му потчини се. Така Бог целосно ќе владее над се. Ако нема воскресение за мртвите, тогаш што сакаат да постигнат луѓето што се крштаваат заради нив? Зошто се крштаваат во името на мртвите, ако нема воскресение на мртвите!? Зошто ние секој миг се изложуваме на опасности? Зошто јас секојдневно се соочувам со смртта? Ви се колнам дека е така, ви се колнам во она со што многу се гордеам пред нашиот Господ Исус Христос, а тоа е што вие станавте христијани. Ако во Ефес се борев со диви ѕверови надевајќи се само на она на што се надеваат обичните луѓе, каква корист ќе имам од тоа? Ако нема воскресение за мртвите, тогаш: „Да јадеме и да пиеме, зашто и онака наскоро ќе умреме!“ Не дозволувајте да ве залажат оние што така велат, зашто: „Лошото друштво го уништува добриот карактер!“ Вразумете се како што треба, и престанете да грешите! Простете што ќе ви го кажам ова, но треба да се засрамите, што некои од вас се уште не Го познаваат Бога! Некој од вас ќе праша: „Како ќе воскреснат мртвите? Какви тела ќе имаат?“ Размислете разумно: кога сеете некое семе, тоа најпрво умира, а потоа од него израснува живо растение. Она што го сеете е голо зрно пченица или нешто друго. Семето изгледа сосема различно од растението што подоцна ќе изникне. На секое посејано семе Бог му дава тело какво што Тој сака. Секое си има свое сопствено тело. А знаеме дека има разлики меѓу телата на луѓето, животните, птиците и рибите. Постојат и небесни и земни тела, но славата на небесните тела е различна од убавината на земните тела. Сјајот на Сонцето се разликува од сјајот на Месечината; поинаков е, пак, сјајот на ѕвездите, а и ѕвездите меѓусебно се разликуваат по својот сјај. Слично ќе биде и со воскресението на мртвите. Се закопува распадливо тело, а ќе воскресне бесмртно тело. Се погребува истоштено, грдо, слабо тело, а ќе воскресне славно и силно тело. Се погребува материјално тело, а ќе воскресне духовно тело. Како што постои материјално тело, така постои и духовно тело. Во Светото Писмо пишува: „Првиот човек, Адам, стана жива душа.“ А Христос, Кој може да биде наречен „Последниот Адам“, е Дух што дава живот. Но прво доаѓа материјалното тело, а потоа духовното. Првиот човек, Адам, беше создаден од земја, направен од земен прав. Вториот човек, Христос, потекнува од небото. Какво што беше телото на Адам, такво е и телото на секој човек сега: тоа е тело создадено од земја. Но на небото ќе имаме тела како Христовото тело, бидејќи Христос потекнува од небото. Како што сега личиме на Адам, на човекот направен од земен прав, така тогаш ќе личиме на Христос, на Човекот што потекнува од небото. Драги мои, она што сакам да ви го кажам е дека телата од крв и месо не можат да го наследат Божјото царство. Тие се распадливи тела и како такви не можат да бидат жители на Божјото царство. Ќе ви откријам една тајна: сите нема да доживееме физичка смрт, но сите ќе бидеме преобразени. Тоа ќе се случи брзо, за еден миг на окото. Кога ќе се огласи последната труба, починатите Христови следбеници ќе бидат воскреснати во бесмртни тела, а ние што сме живи ќе бидеме преобразени исто така во бесмртни тела. Неопходно е нашите распадливи тела да се преобразат во нераспадливи, и тоа што е смртно да се преобрази во бесмртно. Кога нашите распадливи тела ќе се преобразат во нераспадливи, и смртното ќе стане бесмртно, тогаш ќе се исполни она што е напишано во Светото Писмо: “Смртта е уништена и победата е целосна!“ „О, смрт, каде е твојата победа? О, смрт, каде е твоето осило?“ Гревот е осилото на смртта, а силата на гревот почива врз одредбите на Божјиот Закон. Но Бог ни даде победа над гревот и смртта преку нашиот Господ Исус Христос и треба да Му бидеме многу благодарни за тоа. Затоа, драги пријатели христијани, бидете цврсти и непоколебливи, секогаш подготвени да го унапредувате делото Господово, свесни дека тоа што го работите за Господ нема да биде попусто. А сега нешто во врска со доброволните прилози за христијаните во Ерусалим. Она што им го кажав на црквите во Галатија важи и за вас. Секој прв ден во неделата, секој од вас нека издвои на страна дел од она што го заработил и нека го чува кај себе, за да не собирате прилози дури кога јас ќе дојдам. Кога ќе пристигнам, ќе испратиме луѓе што вие ги сметате за достојни да го однесат во Ерусалим она што вие со љубов ќе го подарите, а ќе составиме и пригодни писма. Ако можам да појдам и јас, ќе отпатуваме заедно. Ќе дојдам кај вас откако најпрво ќе ја посетам Македонија, зашто планирам да патувам преку Македонија. Ќе останам кај вас извесно време, можеби и целата зима, а потоа ќе ме испратите на моето следно патување. Не сакам да ве посетам сега, само на минување, туку сакам, ако Господ допушти, да останам кај вас извесно време. Ќе останам во Ефес се до Духовден, зашто за мене овде се отвори широко поле за работа и се надевам на успех, иако има и многумина што ми се противставуваат. Ако дојде Тимотеј, погрижете се да му обезбедите спокоен престој кај вас, бидејќи и тој работи за Господ, како што работам и јас. Никој да не го потценува, туку испратете го со мир, за да дојде кај мене, зашто јас и браќата го чекаме. Во врска со братот Аполос, јас многу го молев да дојде кај вас, заедно со другите браќа христијани, но тој не сакаше да тргне кај вас сега. Ќе дојде тогаш кога ќе има можност. Бидете постојано будни и непоколебливи во она што го верувате; бидете храбри и силни. Се што работите нека биде со љубов. Сега, драги мои, ве молам за семејството на Стефан, првиот христијанин во Ахаја, кој се стави во служба на верните. Слушајте ги таквите водачи како него и оние што работат и се трудат со него. Многу се радувам што Стефан, Фортунат и Ахаик дојдоа кај мене, зашто така ми се пополни празнината што ја чувствувам за вас. Тие ни донесоа утеха и поттик и мене и вам. Таквите луѓе заслужуваат посебно признание. Ве поздравуваат црквите од покраината Азија. Акила и Приска, заедно со оние што се собираат во нивниот дом, од се срце ве поздравуваат. Ве поздравуваат сите христијани. Поздравете се најсрдечно еден со друг. Со своја рака ви пишувам: поздрави од мене, Павле. Проклет нека биде оној што нема љубов спрема Господ! Мараната (Дојди Господе!)! Господ Исус нека ви биде благонаклонет. Ве сакам сите што сте следбеници на Исус Христос. (Амин.) Од Павле, наименуван од Бог да Му биде апостол на Исус Христос, и од нашиот драг брат Тимотеј, до Божјата црква во градот Коринт и до сите христијани во цела Ахаја. Ви посакувам Бог, нашиот небесен Татко, и Господ Исус Христос да ви бидат благонаклонети и да ви дадат мир. Благословен нека е Бог, Кој е и Татко на нашиот Господ Исус Христос, Татко на милосрдието и Бог од Кој ни доаѓа секоја утеха! Во секоја наша невола не утешува, за да можеме и ние да ги утешуваме другите што се во некаква невола, со истата утеха со која Бог нас не утешува. Колку повеќе страдаме за Христос, толку повеќе Бог ќе не опсипе со утеха преку Христос. Кога ние страдаме, тоа е за ваше добро и за ваше спасение, зашто кога Бог ќе не утеши нас, тоа и за вас ќе претставува охрабрување и така ќе бидете поподготвени трпеливо да поминете низ истите страдања низ кои ние сега минуваме. Имаме цврста верба во вас, иако знаеме дека сега минувате низ страдања низ кои и ние сме минувале, но ќе бидете утешени на истиот начин на кој и ние бевме утешени. Сметам, драги пријатели христијани, дека треба да знаете за страдањата низ кои ние поминавме во покраината Азија. Тие беа толку тешки и неподносливи, што загубивме секаква надеж дека ќе останеме живи. Помисливме дека ќе умреме и престанавме да се потпираме на сопствените сили. Му се препуштивме на Бог, Кој и мртви може да воскресне. Тој не избави од сигурна смрт и пак ќе не избавува. На Него се надеваме и знаеме дека ќе продолжи да не избавува. Вие ни помагате со тоа што се молите за нас. Кога тие многубројни молитви ќе бидат одговорени и Бог ќе ни ја покаже својата дарежлива благонаклоност, многу луѓе ќе Му бидат благодарни. Ние можеме да бидеме горди на нашата чиста совест. Спрема сите луѓе, а посебно спрема вас, бевме отворени и искрени, онака како што Бог не учи. Не постапувавме онака како што телесен човек би сметал дека е мудро, туку не водеше Бог, Кој ни беше благонаклонет. Моите писма се јасни. Нема ништо неразбирливо, или скриено меѓу редови. Се надевам дека еден ден се ќе ви биде јасно, иако сега само делумно ви е јасно. Така, на денот кога нашиот Господ Исус ќе се врати, вие ќе се гордеете со нас, а ние со вас. Со таа увереност имав намера да дојдам прво кај вас, и дури двапати да ви бидам полезен: еднаш да ве посетам на одење накај Македонија, а потоа на враќање од Македонија повторно да свратам кај вас и оттаму вие да ме испратите за Јудеја. Се надевам дека нема да ме обвините оти не си стојам на зборот и дека се однесувам како световните луѓе кои кога велат „да“ всушност мислат „не“. Бог ми е сведок дека нашето „да“ не е двосмислено, па да значи и „не“, затоа што Божјиот Син, Исус Христос, за Кого ви проповедавме јас, Силван и Тимотеј, не зборуваше двосмислено, туку она што ќе го кажеше секогаш беше и остануваше така како што е кажано. Сите Божји ветувања се исполнети во Него. Затоа, кога на Бог Му оддаваме слава преку Исус велиме „Амин“. Бог е Тој што и вам и нам ни дава сили да стоиме цврсто на страната на Христос. Тој не одбра, го стави Својот печат врз нас и Го всели во нашите срца Својот Дух како потврда дека сме Негови. Бог ми е сведок дека причината за моето недоаѓање во Коринт беше со цел да ве поштедам од укорување. Ние не сме ви господари што ќе ви кажуваат како треба, а како не треба да верувате. Сакаме само да соработуваме со вас, за да бидете исполнети со радост, зашто вие во верата сте непоколебливи. Решив да не ве нажалам со уште една болна посета. Ако јас вас ве натажам, кој мене ќе ме развесели? Зар тие кои штотуку сум ги натажил? Затоа така ви напишав во моето претходно писмо, та кога ќе дојдам да не ме нажалат оние кои одвај чекам да ме зарадуваат. Уверен сум дека знаете оти кога сте среќни вие, среќен сум и јас. Колку тешко ми беше да ви го напишам претходното писмо! Ви пишував длабоко нажален, со болка во срцето и со солзи во очите. Не сакав да ве повредам. Сакав само да сфатите колку е голема мојата љубов спрема вас. Не претерувам ако речам дека човекот што ја направи целава оваа невола повеќе ве нажали сите вас, отколку мене. Но повеќето од вас се усогласивте по ова прашање и казната што му ја изрековте е доволна. Сега треба да му простите и да го утешите, за да не биде толку повреден што нема да биде во состојба духовно да се врати и да закрепне. Затоа, ве молам, покажете му на тој човек дека се уште го сакате! Ви го пишувам ова бидејќи сакам да ве проверам и да видам дали сте подготвени да се придржувате до сите мои упатства. А на тој на кого вие ќе му простите, му простувам и јас. А тоа што јас веќе сум простил, ако воопшто сум имал нешто за простување, тоа е за ваша полза пред Христос. Ако не постапуваме така, Сатаната ќе не надмудри, а знаеме какви се неговите намери! Кога пристигнав во Троада за да ја проповедам Радосната вест за Христос, видов како Господ пред мене отвора ново поле за работа. Но немав душевен мир, бидејќи мојот драг пријател Тит не се беше вратил откај вас. Затоа, се збогував со луѓето во Троада и заминав за Македонија, за таму да се сретнам со Тит. Но, благодарни сме Му на Бог, Кој, на чело со Христос, секогаш не води во победа. Преку нас Тој насекаде ја шири вистината за Христос, како што се шири миризливоста од пријатен мирис. За Бог ние сме како пријатен мирис што го приближува Христос кон сите: и кон оние што Го прифаќаат и се спасуваат, и кон оние што Го одбиваат и пропаѓаат. За жал, на оние што Го одбиваат Христос, овој мирис ќе им биде смртна пресуда. На оние, пак, што Го прифаќаат Христос, ние сме им како најпријатен мирис што им носи вечен живот. Кој е способен да извршува ваква служба? Ние не сме трговци - а такви ги има многу - што се обидуваат да заработат пари од проповедање на Божјото Слово! Ние проповедаме за Христос искрено, како што Бог сака. Нас Бог не испрати и Тој не надгледува. Можеби ова ви звучи како самите да се препорачуваме? Дали нам ни се потребни, како што им се потребни на некои, писмени препораки за да проповедаме кај вас, или пак препораки од вас? Вие сте нашата препорака, запишана во нашите срца, која сите луѓе можат да ја видат и прочитаат. Очигледно е дека вие сте препораката што ја имаме, која преку нашиот труд е напишана од Христос, не со мастило, туку со Духот на Живиот Бог; не врз камени плочи, туку врз човечки срца. Уверени сме во ова затоа што, преку Христос, имаме доверба во Бог. Нема ништо во нас што би ни дало за право да тврдиме дека сме способни да направиме нешто од трајна вредност. Нашата способност доаѓа од Бог. Тој не оспособи да го претставуваме Неговиот Нов завет. Тоа не е Завет од пишани закони, туку од Светиот Дух. Стариот начин, преку пишаниот закон, води кон смрт, а новиот начин, преку Светиот Дух, дава живот. Мојсеевиот Закон беше врежан само на камени плочи, па сепак беше даден со таков блесок што луѓето не можеа да гледаат во лицето на Мојсеј, иако сјајот што тој го имаше полека бледнееше. Ако тој Закон што води во смрт беше даден на така величествен начин, колку повеличествено ќе биде дејствувањето на Светиот Дух!? Ако Стариот завет што доведе до осуда на сите луѓе беше толку величествен, тогаш колку повеличествен ќе биде Новиот завет што ни овозможува да се стекнеме со праведност пред Бог! Токму поради тоа што новото е далеку повеличествено, старото го загуби својот сјај! Ако Стариот завет, кој веќе е надминат, беше величествен, тогаш колку повеличествен ќе биде Новиот завет, чија слава ќе трае вечно!? Токму поради тоа што имаме таква прекрасна надеж, можеме толку смело да настапуваме. Ние не сме како Мојсеј, кој ставаше превез врз лицето, за да не забележат луѓето дека сјајот на неговото лице бледнее и исчезнува. Но умовите им закоравеа, па и ден-денес, кога го читаат Стариот завет, превез им ги покрива умовите и тие не можат да ја согледаат вистината. Тој превез се отстранува само кога човек ќе поверува во Христос. Да, дури и денес, кога ги читаат Мојсеевите книги, превез им ги покрива срцата и тие не разбираат. Но кога човек ќе се сврти кон Господ, превезот се отстранува. Господ е во единство со Духот и каде што е присутен Господовиот Дух, Тој донесува слобода. Сите ние, пред чии лица нема превез, сме одраз на славата Господова, како во огледало. Со помош на Господовиот Дух доживуваме преобразба и стануваме се послични на нашиот славен Господ. Затоа сега, кога како израз на Божјата милост ја добивме оваа служба, ние не се обесхрабруваме. Се откажавме од сите подмолни и срамни работи. Не се служиме со итрини и не го извртуваме Божјиот збор, туку јасно, пред Бог, му ја откриваме вистината на секој човек, оставајќи му ја одлуката на неговата совест. Ако Радосната вест што ние ја проповедаме е скриена од некого, тоа е јасен знак дека тој се определил за пропаст. Но на таквите Сатаната, богот на овој зол свет, им го заслепил разумот и тие не можат да го видат прекрасниот сјај на Радосната вест што ни доаѓа од преславниот Христос, Кој, како слика, точно Го одразува самиот Бог. Ние не се истакнуваме себеси, туку проповедаме дека Исус Христос е Господ, а ние сме ви на услуга, заради Исус. Зашто Бог, Кој рече: „Нека се појави светло во темнината!“, Тој ги просветли и нашите срца, за да согледаме дека Неговата слава се одразува во ликот на Исус Христос. Но ова скапоцено богатство го носиме во обични земјани садови, односно во нашите смртни тела. Така на сите им е јасно дека оваа величествена сила доаѓа од Бог, а не од нас. Од сите страни сме притиснати, но не сме поразени. Понекогаш сме збунети, но не сме без надеж. Прогонувани сме, но Бог не не оставил. Не соборуваат наземи, но не сме уништени. Преку страдањата на овие наши тела, ние постојано учествуваме во смртните страдања на Исус, за да се види и Неговиот живот во нашите тела. Живееме под постојани закани дека ќе не убијат поради тоа што проповедаме за Исус, за да може Исусовиот живот да се пресликува во нашите смртни тела. И така, додека смртта си ја покажува силата против нас, вечниот живот ја покажува својата сила во вас. Ние ќе продолжиме да проповедаме, бидејќи и ние ја имаме истата вера што ја имал псалмистот кога рекол: „Верував во Бог и затоа зборував.“ Знаеме дека истиот оној Бог, Кој Го воскресна Господ Исус, и нас ќе не воскресне. Потоа, и нас и вас, заедно со Исус, ќе не доведе кај Себе. Сето ова е за ваша полза. Така се повеќе и повеќе луѓе ќе дознаваат дека Бог дарежливо им е благонаклонет и ќе Му искажуваат благодарност, а Бог се повеќе ќе се прославува. Затоа ние не се обесхрабруваме. Иако нашите тела постепено пропаѓаат, духот во нас секојдневно се обновува. Овие мали и привремени тешкотии низ кои минуваме ќе ни донесат неизмерна слава што ќе трае вечно. Затоа ние не се сосредоточуваме на она што сега се гледа, туку на придобивките што допрва ќе се видат. Зашто се што е сега видливо е привремено, а тоа што еден ден ќе го видиме е вечно. Знаеме дека кога ќе пропадне овој ,шатор‘ во кој сега живееме, односно, нашето овоземно тело, не очекуваат на небото вечни домови направени од Бог, а не од човечка рака. Во нашите сегашни тела офкаме и копнееме по денот кога како нова облека ќе ги облечеме нашите небесни тела, зашто ние нема да бидеме голи духови, без тела, туку ќе ги облечеме нашите нови, небесни тела. Додека живееме во овој овоземен шатор, односно во нашите смртни тела, офкаме бидејќи имаме мака. Но ние не копнееме по тоа да умреме и да останеме без тела, туку со нетрпение чекаме да се преселиме во нашите нови тела, па вечниот живот да го проголта ова смртно тело. Бог не подготви за тоа и ни Го даде Светиот Дух како гаранција дека тоа навистина ќе се случи. Затоа ние секогаш сме смели, и покрај тоа што се додека сме во ова овоземно тело, ние не сме дома, кај Господ. Верата е она што не движи напред, а не тоа што сега го гледаме. Храбри сме, бидејќи повеќе сакаме да се иселиме од ова наше овоземно тело и да си одиме дома, кај Господ. Затоа, било да сме дома кај Господ, или да сме овде, сакаме да го работиме тоа што Нему Му е по волја. Секој од нас ќе треба да се појави пред Христовиот суд, за да го прими она што го заслужил со своите добри или лоши постапки додека бил во овоземното тело. Ние имаме страхопочит спрема Господ, и затоа со сите сили се обидуваме да им всадиме вера и на другите луѓе. Бог знае дека сме искрени, а се надевам дека длабоко во себе и вие знаете какви луѓе сме. Не, не ни е намерата да ви се наметнуваме, туку да ви дадеме аргументи за да се гордеете со нас, и да можете да им одговорите на оние што се фалат со својата надворешност, а не со внатрешни квалитети. Ако ви изгледаме надвор од себе, тоа е за да Му донесеме слава на Бог. Ако, пак, разумот не води, тоа е за ваша полза. Што и да работиме, тоа е затоа што не раководи љубовта на Христос. Како што веруваме дека Христос умре за сите луѓе, така веруваме и дека сите ние умревме за стариот начин на живот што го живеевме. Тој умре за сите нас и затоа тие што го прифаќаат од Него подарениот живот, нема веќе да живеат за да си угодуваат самите на себе, туку ќе живеат за да Му угодат на Христос, Кој умре и воскресна за нив. Затоа, ние веќе никого не вреднуваме според телесните постигнувања. Ако порано така гледавме на Христос сега веќе не гледаме така. Тоа значи дека кога некој ќе стане христијанин, тој е веќе нова личност. Не е веќе ист како порано, зашто со стариот живот е веќе завршено. Започнува нов живот! Тој нов живот доаѓа од Бог, Кој, преку Христос, не помири со Себе и ни ја довери задачата да им објаснуваме на луѓето како и тие да се помират со Него. Нашата порака е дека Бог беше во Христос и му понуди помирување на целиот свет со Себе, готов да им ги прости гревовите на луѓето. Таа порака, која објаснува како можеме да се помириме со Бог, ни ја довери нам, за да им ја проповедаме на сите луѓе. Ние сме амбасадори на Христос, и преку нас Бог ви говори. Во името на Христос, ве молиме: помирете се со Бог! Бог Го даде Христос, Кој немаше никаков грев, да биде жртва за нашиот грев, та преку Него ние да се здобиеме со Божја праведност. Ние, во улога на Божји соработници, ве молиме да не ја пропуштите Божјата милосрдна благонаклоност спрема вас, зашто Бог вели: „Повикај Ме во вистинскиот час и Јас ќе ти ја услишам молитвата; побарај Ме во денот кога ти нудам спасение и Јас ќе ти помогнам!“ Сега е вистинскиот час! Денес е денот кога Бог ти нуди спасение! Не даваме повод нашето поведение некого да поколеба да поверува во Господ, затоа се трудиме нашата работа да биде беспрекорна. Во се се однесуваме како Божји службеници, стрпливо поднесувајќи ги сите напади, страдања и тешкотии. Не тепаат, не ставаат в затвор, креваат бунтови против нас, а ние работиме, минуваме бессони ноќи и гладуваме. Се докажуваме преку нашата чистота, знаење, стрпливост, љубезност, преку силата на Светиот Дух и преку нашата искрена љубов. Верно ја проповедаме вистината. Божјата сила работи во нас. Праведноста е нашето оружје и за напад и за одбрана. Му служиме на Бог без разлика дали луѓето не почитуваат, или не презираат, дали имаат добро или лошо мислење за нас. Ние сме чесни, но тие не нарекуваат измамници. Сите знаат за нас, а се однесуваат спрема нас како да не не познаваат. Соочени со смртни закани, а сепак, ете, живи сме. Казнувани сме, но не сме убиени. Се обидуваат да не растажат, но ние сепак сме радосни. Сиромашни сме, но на многумина им дадовме духовно богатство. Немаме ништо, а сепак поседуваме се. Драги наши пријатели во Коринт, ние искрено ви проговоривме, широко ги отворивме нашите срца. Не сме ние затворени спрема вас, туку вие сте затворени спрема нас. Како на свои деца ви велам: отворете ги и вие вашите срца спрема нас! Немојте да се здружувате со неверници! Како може праведен и неправеден да работат заедно? Како може светлината и темнината да живеат заедно? Може ли да има слога меѓу Христос и Ѓаволот? Каква заедница може да има еден христијанин со безверник? Треба ли во Божјиот храм да ставате и идоли? Ние сме храмови на Живиот Бог. Како што Самиот Тој вели за Своите следбеници: „Ќе живеам во нив, ќе се движам меѓу нив; Јас ќе бидам нивни Бог, а тие Мој народ.“ „,Затоа, напуштете ги оние што не Му припаѓаат на Бог, одвојте се од нив,‘ - вели Господ. ,Не мешајте се со она што е нечисто и Јас ќе ве прифатам.‘“ „,Ќе ви бидам Татко, а вие ќе бидете Мои синови и ќерки,‘ - вели Семоќниот Господ.“ Драги пријатели, сега кога ги знаеме сите овие ветувања, да се исчистиме од се што може да ги оскверни нашето тело или дух. Да се трудиме, од страхопочит спрема Бог, да стануваме телесно и духовно се почисти, до совршенство. Направете повеќе место за нас во вашите срца! Ние никого не сме онеправдале, никого не сме завеле, никого не сме измамиле и искористиле. Не го велам ова за да ве обвинувам. Вие сте ни толку прираснати за срце што сме готови со вас да го делиме и животот и смртта. Имам голема доверба во вас. Се гордеам со вас и навистина сте големо охрабрување за мене. И покрај сите наши тешкотии, мојата радост не знае за граници. Откако дојдовме во Македонија, немаме мир. Се соочуваме со неволи од сите страни: однадвор напади, однатре стравови. Но Бог, Кој ги охрабрува потиштените, со доаѓањето на Тит ни ја врати храброста. Охрабрување за нас беше не само неговото доаѓање, туку и тоа што тој ни го пренесе за вас: како вие него сте го охрабриле, колку сте биле желни да ме видите, колку тагувате и колку ревносно сте приврзани за мене. Тоа уште повеќе ме зарадува. Дури и ако сум ве нажалил со претходното писмо што ви го пратив, не се каам што го сторив тоа. Извесно време ми беше жал, зашто тоа писмо привремено ве натажи но сега се радувам, не затоа што ве нажалив, туку затоа што тоа ве доведе до покајување. Таа жалост ви е од Бог. Ние со ништо не сакавме да ве повредиме. Бог може да ја употреби жалоста во нашите животи за да ни помогне да се оттргнеме од гревот и да бараме спасение. Ако сте доживеале таква жалост, не треба да ви биде криво. Опасна е жалоста што не води кон покајание, бидејќи таа води во смрт. Видете колку позитивно се одрази на вас таа жалост од Бога! Ве направи многу поотворени и поревносни да покажете дека не сте виновни. Каква огорченост, каква тревога, каква желба, грижа и решителност да се казни прекршителот! Со сето ова покажавте дека во однос на таа работа вие сте чисти. Зашто, кога ви го напишав тоа писмо, не ми беше намерата да го обвинам оној што направил прекршок, ниту да го бранам оној што бил онеправдан. Ви напишав за да ви покаже Бог колку сте приврзани кон нас. Тоа навистина не охрабри. Не само што ова не охрабри, туку уште повеќе не зарадува тоа што Тит се врати радосен. Сте му покажале дека нема причина да биде загрижен. Сето она за што сум ве фалел пред него се потврди како вистина и не ме посрамивте. Секогаш сум ја зборувал вистината за вас, па така и тоа што ве фалев пред Тит се потврди дека е вистина. Кога Тит видел колку сте вие послушни, со колкава страхопочит и трепет во срцето сте го пречекале, тој уште повеќе ве засака. Многу сум радосен што можам да имам целосна доверба во вас. Драги пријатели христијани во Коринт, сакаме да ве известиме за Божјата милосрдна благонаклоност кон црквите во Македонија. Тие поминаа низ големи искушенија и низ многу неволи, но нивната радост е толку голема што, и покрај нивната голема сиромаштија, тие се многу дарежливи. Јас сум сведок дека тие дадоа толку доброволни прилози колку што им се можностите, па и повеќе. Многу не молеа да им дадеме можност и тие да се вклучат во собирањето доброволни прилози за помош на христијаните во Ерусалим. Направија повеќе отколку што очекувавме. Прво самите себе Му се предадоа на Господ, а потоа ни се предадоа и нам, следејќи ја Божјата волја. Затоа го замоливме Тит, кој од порано ја започна оваа служба на милосрдие меѓу вас, да се врати кај вас и да ја доврши. Како што вие во многу нешта се истакнувате и имате: вера, проповедници, знаење, сериозен однос, љубов спрема нас, така погрижете се и вашата милосрдна дарежливост да не заостане. Ова не е наредба, туку, гледајќи ја ревноста со која другите и пристапуваат на оваа задача, сакам да проверам колку е искрена вашата љубов. Вие знаете каков милосрден дар ни даде нашиот Господ Исус Христос! Иако беше богат, заради вас Тој стана сиромашен, та преку Неговата сиромаштија вие да станете богати. Пред една година вие први почнавте да давате прилози и го правевте тоа од се срце. Затоа ви препорачувам сега да го довршите тоа дело; тоа ќе биде добро и за вас. Довршете ја оваа работа со истата ревност со која и ја започнавте. Дајте толку колку што можете. Ако постои добра волја, таа се цени според можностите на секој дародавател. Никој не очекува да дадете нешто што немате. Не велам давајќи за другите, вие да западнете во невола, туку повикувам на еднаквост. Сега, кога вие имате во изобилие, треба да им помогнете на оние што се во немаштија, па кога тие ќе имаат во изобилие, а вие ќе бидете во скудност, тие вам да ви помогнат, па така да постои еднаквост меѓу нас. Сетете се што пишува во Светото Писмо: „На оној што собра многу ништо не му преостана, а на оној што собра малку, сепак, му достаса.“ Му благодарам на Бог што во срцето на Тит ја стави истата грижа што јас ја чувствувам за вас. Тој, не само што ја прифати нашата молба да дојде кај вас, туку одвај чекаше што побрзо да тргне на пат! Со него ви испраќаме уште еден наш брат кој е проповедник на Радосната вест, и ужива голема почит меѓу сите цркви. Освен тоа, тој е одбран од црквите да патува со нас кога ќе ги носиме доброволните прилози во Ерусалим. Тоа дело е за слава на Господ и ја покажува нашата готовност да помогнеме. Ќе патуваме заедно, за да не му дадеме никому повод да не озборува дека сомнително располагаме со овие вредни дарови, зашто сакаме да бидеме чесни не само пред Господ, туку и пред луѓето. Со нив ви испраќаме и еден наш брат чија искреност повеќепати сме ја провериле во многу работи. Тој сега уште повеќе сака да помогне, зашто има голема доверба во вас. Ако некој се распрашува за Тит, кажете му дека тој е мој другар и соработник во мојата служба меѓу вас. Што се однесува до браќата што ќе го придружуваат, тие се претставници на црквите. Тие се прекрасен пример како треба да се работи за слава на Христос. Покажете љубов спрема нив, за да видат црквите дека ние со право се гордееме со вас. Излишно е да ви пишувам дека треба да собираме помош за христијаните во Ерусалим. Знам дека вие сте готови да помогнете. Со гордост им зборував на христијаните во Македонија дека вие, христијаните од Ахаја, уште од лани бевте подготвени да дадете доброволни прилози. Токму вашата ревност ги поттикна и нив. Затоа сега бидете подготвени, зашто ги испраќам браќата кај вас; да не испадне дека напразно сме ве фалеле! Можеби ќе дојдат со мене и неколку Македонци. Ако видат дека вие не сте подготвени, јас би се засрамил, затоа што изразив голема доверба спрема вас. Вие уште повеќе би се засрамиле. Значи сметав дека е неопходно да ги замолам браќата да дојдат кај вас пред јас да дојдам, и да ги соберат прилозите што вие уште отпорано ги ветивте. Така тоа нема да биде изнуден прилог, туку великодушен подарок од вас. Едно сакам да ви припомнам: кој скржаво сее, скржаво и ќе жнее; кој штедро сее, штедро и ќе жнее! Секој нека даде онолку колку што самиот ќе реши, без да му биде жал или сосила да се принудува. Бог ги сака оние што даваат со радост. А Бог може толку изобилно да ве благослови, така што секогаш ќе имате доволно од се што ви треба, па од изобилието ќе можете да правите разновидни добри дела. Како што е напишано во Светото Писмо: „Дарежливиот човек на сиромасите штедро им дава, праведноста негова ќе се памти довека!“ Бог, Кој обезбедува семе за сеидба, ќе обезбеди и леб за прехрана. А така ќе ви создаде и многубројни можности да сеете добри дела, па плодовите од вашата праведност ќе бидат обилни. Ќе ве направи богати во се, така што уште поштедро ќе можете да давате. Кога ќе им ги однесеме вашите дарови на оние што се во скудност тоа ќе ги поттикне од се срце да Му се заблагодарат на Бог. Зашто, извршувањето на оваа служба, освен што ќе им ги исполни потребите на христијаните во Ерусалим, во исто време ќе поттикне изливи на благодарност спрема Бог. Значи, тие ќе Му оддадат слава на Бог благодарение на тоа што вие на дело се докажавте во оваа служба. Тоа ќе им биде доказ дека вие навистина живеете според принципите на Радосната вест од Христос, која вие ја исповедате и поради која толку штедро давате и за нив и за сите. Тие со голема љубов ќе се молат за вас, затоа што Бог токму преку вас им покажа колку милосрдно им е благонаклонет. А сите ние сме Му благодарни на Бог за Неговиот дар што со зборови не може да се искаже. Павле зборува за овластувањата што ги има од Бог Сега јас, Павле, лично ве молам со кроткост и љубезност какви што би покажал Христос, да ме послушате, иако некои од вас зборувале дека сум бил строг, кога сум далеку од вас, а малодушен кога сум кај вас. Не би сакал да бидам принуден да покажам строгост спрема оние што тврдат дека нас не водат телесни мотиви. Ние сме од крв и месо, ама не војуваме со телесни, световни методи. Не сме вооружени со човечки оружја, туку со моќните Божји оружја. Со нив ги уриваме сатанските упоришта и ги соборуваме сите зли мудрувања и се друго што ги попречува луѓето да Го запознаат Бога. Ја поразуваме секоја бунтовна човечка мисла и ја учиме да Му биде послушна на Христос. Ние сме готови да ги казниме оние што не се послушни во се, но дури откако вие ќе покажете дека сте целосно послушни. Многу површно гледате на работите! Треба да ви биде јасно дека и ние Му припаѓаме на Христос исто толку колку што за себе го тврдат тоа оние што гордо изјавуваат дека се Христови! Дури и ако претерано сум го истакнувал авторитетот што Господ ни го даде, јас од тоа не се срамам, бидејќи тоа било за да ве изградуваме, а не да ве уриваме. Не сакам да звучи како да се обидувам да ве заплашам со моите писма. Слушам дека некои велат за мене: „Неговите писма се сериозни и строги, но кога е овде кај нас, тој е слаб и неговите говори се безвредни!“ На таквите луѓе им порачуваме дека онакви какви што сме на зборови, во нашите писма, сега кога не сме кај вас, исти такви ќе бидеме и на дела, кога ќе дојдеме кај вас! Ние не се ни осмелуваме да се изедначуваме или споредуваме со оние што имаат толку високо мислење за себе. Тие постапуваат неразумно, зашто се вреднуваат себеси со свои мерки па испаѓа дека се споредуваат сами со себе! А ние не сакаме да се фалиме без мера, туку исклучиво според мерката што ни ја даде Бог, а таа мерка е да допреме до сите луѓе, па и до вас. Ние не го протегаме своето дејствување на места кои не сме ги досегнале; всушност, ние први стигнавме до вас, проповедајќи ви ја Радосната вест од Христос. Така, ние не се фалиме со плодови околу кои други се труделе, туку се надеваме дека вашата вера ќе зајакне, па да можеме и да ја прошириме својата работа во вашиот крај, а потоа да ја проповедаме Радосната вест и на други места, подалеку од вас, каде што никој претходно не проповедал. Така нема да може да ни се приговори дека се фалиме со резултати што некој друг ги постигнал. Но, Светото Писмо вели: „Ако некој се фали, нека се фали со она што Господ го прави!“ Зашто кога некој сам себеси се фали, тоа не е вистинска препорака. А кога Господ некого ќе пофали, таквиот навистина е достоен. Се надевам дека ќе ме истрпите, дури и ако не зборувам мошне мудро. Ве молам, истрпете ме! Љубоморен сум на вас, онака како што е љубоморен и Бог! Ве ?свршив‘ за еден Свршеник, за Христос, за да ве доведам кај Него чисти како девица, но се плашам вашите умови да не бидат заведени и да не отстапите од вашата целосна и чиста посветеност на Христос. Се плашам да не бидете измамени онака како што змијата со итрина ја измами Ева. Ние ви проповедаме за Исус, и вие го примивте Светиот Дух и ја прифативте Радосната вест. Но сега дозволувате да ви проповедаат за некаков друг Исус, за примање на некаков друг дух и за прифаќање на некаква друга порака! Јас не се сметам за помалку вреден од тие ?супер апостоли‘. Ако и не сум толку вешт говорник, моето знаење не е ништо помало од нивното. Тоа на сите полиња ви го докажавме, и тоа јавно, пред сите. Згрешив ли што бесплатно ви ја проповедав Радосната вест, понижувајќи се себеси за вас да ве издигнам? Додека работев кај вас, добивав издршка од другите цркви. Живеев на нивни товар, за да ви служам вам. Никого од вас не обременував кога запаѓав во скудност. За моите потреби се погрижија браќата од Македонија. Внимавав, а и понатаму ќе внимавам, никому од вам да не му бидам на товар. Како што цврсто ја имам вистината за Христос во себе, така цврсто ви велам дека никој не ќе може да ме спречи со гордост да зборувам за ова по цела Ахаја! Зошто го велам ова? Зар затоа што не ве сакам? Бог знае дека искрено ве сакам. Ќе продолжам и во иднина да работам онака како што работев и досега, за да не им дадам можност на тие други ?апостоли‘ да се изедначуваат со нас и да се фалат дека се исти како нас. Тие се лажни апостоли! Се служат со измами и се преправаат во апостоли на Христос. Немојте да се чудите на ова! И самиот Сатана може да се преправа во ангел на светлината! Тогаш не е необично ако и неговите слуги се преправаат во службеници на праведноста. Но на крајот тие ќе си ја добијат казната што ја заслужиле со своите зли постапки. Ќе повторам: не би сакал никој од вас да смета дека сум неразумен! Но ако е веќе така, ислушајте ме како неразумен, па барем да можам малку сам себеси да се пофалам! Самофалбата е нешто што Господ не го сака и затоа се чувствувам неразумно. Но кога веќе толку многу луѓе се фалат со своите човечки достигања, ќе се пофалам и јас. Впрочем, иако вие се сметате за мудри, со задоволство ги слушате неразумните! Не ви пречи кога некој ве третира како робови, ве искористува, ве ограбува, ве понижува и ви удира шлаканици! Се срамам што ние за вакви работи се покажавме неспособни! Знам дека е неразумно ова што ќе го кажам, но ако некој има смелост така да се фали, имам смелост и јас. Тие биле Евреи! Па и јас сум! Биле Израелци! Па и јас сум! Биле потомци на Авраам! Па и јас сум! Му служеле на Христос! Глупаво е што самиот за себе вака зборувам, но јас многу повеќе Му служам на Христос, многу повеќе работам, поради што многу почесто ме затвораат, ме тепаат и ми се закануваат со смрт! Петпати сум камшикуван од Евреите, по триесет и девет удари со камшик! Трипати сум тепан со стапови, еднаш сум каменуван, трипати сум преживеал бродоломи, цел ден и цела ноќ сум поминал во вода, на отворено море. Често патував, и бев изложен на опасности од надојдени реки и од разбојници. Изложен сум на опасности и од моите сонародници, Евреите, и од паганите. Изложен сум на опасности и во град и во дивина, и на море. Изложен сум на опасности од лажни пријатели. Работам, се мачам, минувам бессони ноќи, гладен, жеден, постам, ѕемнам без доволно облека. И покрај се што ме притиска, јас секојдневно се грижам за сите цркви. Се случило ли некој да го фати слабост, а јас да не сочувствувам со него? Се случило ли некој да застрани, а јас да не согорувам? Ако веќе морам да се фалам, ќе се фалам со она што ја покажува мојата немоќ. Бог, Таткото на Господ Исус, Кому Му припаѓа вечна слава, знае дека не лажам. Кога бев во Дамаск, управникот на царот Арета постави стража до градските порти за да ме уапси. Луѓето ме префрлија преку ѕидините во кош, преку еден прозорец, и така му побегнав. Иако фалењето не е добро, сакам да ви раскажам за виденијата и откровенијата што ги добив од Господ. Пред четиринаесет години бев однесен на третото небо. Дали бев грабнат сосе тело, или само мојот дух, не знам. Тоа Бог го знае. Бог знае дали грабнувањето беше сосе тело, или само на духот, но знам дека се случи. Бев грабнат и однесен во рајот. Таму чув работи што не можат да се искажат, а и не ми беше дозволено да ги кажувам. Со таквото доживување можам да се фалам, а со самиот себе не можам да се фалам, освен да признаам дека сам по себе сум немоќен. Кога би сакал да се фалам, има многу работи со кои би можел да се пофалам, и тоа не би било неразумно, бидејќи е вистина. Но ќе се воздржам од фалење. Не сакам некој да стекне повисоко мислење за мене од она што го добива гледајќи ме и слушајќи ме. Но, за да не станам премногу горделив поради многубројните откровенија што ги добив од Бог, ставен ми е трн во телото, сатански ангел, кој ме измачува и така ме држи во понизност. Трипати во агонија Го молев Господ да ме ослободи од него, но Тој ми рече: „Ја имаш Мојата благонаклоност и тоа ти е доволно! Мојата сила најдобро се забележува во твојата немоќ!“ Затоа, смело ја признавам својата немоќ зашто така станува очигледно дека Христовата сила работи преку мене. Затоа, заради Христос, јас смело ги поднесувам немоќта, навредите, маките, прогоните и тешкотиите. Бидејќи, кога јас сум најнемоќен, Господ преку мене дејствува најмоќно! Почнав неразумно да зборувам, но вие ме принудивте. Вие требаше да ме фалите! Иако и јас сум никој и ништо, сепак во ништо не заостанувам зад тие ваши ?големи апостоли‘. Додека бев кај вас, ви дадов доволно докази дека јас навистина сум апостол испратен од Бог. Со голема стрпливост ви беа покажани многу видливи докази, чуда и големи дела. Во што бевте запоставени во споредба со другите цркви, освен што не ви бев на товар и издршка? Простете ми што во тоа сум ве ?онеправдал!‘ Еве, готов сум и по третпат да дојдам кај вас. Нема да ви бидам на товар, зашто не барам ништо материјално од вас. Вие сте ми важни. Впрочем, не се децата тие што треба да обезбедуваат храна за родителите, туку обратно: родителите ги хранат децата. Од моја страна, јас со задоволство ќе потрошам се што имам, па и самиот себе ќе се потрошам, за да ги нахранам вашите души. Но се чини дека, колку повеќе јас ве засакувам, толку помалку вие мене ме сакате. Нека биде така. Ќе се согласите дека со ништо не ви бев на товар. Некој може да рече: „Беше таков за лукаво, со измама да не придобие!“ Дали јас или некој од оние што ги испраќав кај вас ве искористувале? На моја молба Тит дојде кај вас, придружуван уште од еден брат. Зар Тит ве искористуваше? Зар тој не оди по моите стапки? Зар и него не го водат истите мотиви што ме водат и мене? Можеби ќе си помислите дека ние сега сакаме да се правдаме пред вас. Не! Ви зборуваме како Христови слуги и знаеме дека Бог не слуша. Се што правиме, драги пријатели, е за да ве изградиме. Се плашам дека, кога ќе дојдам кај вас, нема да ве затекнам онакви какви што сакам да бидете, поради што ни јас спрема вас нема да бидам онаков каков што вие би сакале да бидам. Се плашам дека меѓу вас ќе затекнам кавги, љубомора, лутина, соперништво, озборувања, омаловажувања, самобендисаност и безредие. Страхувам Бог да не ме посрами пред вас, зашто многу ќе се нажалам поради оние што порано грешеле, а досега не се покајале за неморалот, блудот и развратот што ги направиле. Ова ќе биде третпат како доаѓам кај вас. „Секое обвинение мора да биде потврдено од двајца или тројца сведоци“ - вели Светото Писмо. Во текот на мојата втора посета ве предупредив, а и сега, кога не сум кај вас, однапред ги предупредувам оние што порано грешеле, а и сите други: кога овојпат ќе дојдам, нема да ве штедам! Барате доказ дека преку мене зборува Христос!? Ќе добиете! Тој не е немоќен да излезе на крај со вас! Ви има покажано колку е моќен. Кога Христос беше распнат, се чинеше дека е слаб, но Тој е сега жив преку Божјата моќна сила. Така и ние што сме со Него изгледаме слаби, но ние живееме со Него преку Божјата сила, со која ќе истапиме спрема вас. Проверете се и проценете дали ја имате вистинската вера! Дали Исус Христос живее во вас? Ако не, вие сте лажни верници! Се надевам дека ќе се уверите оти ние не сме лажни верници. Му се молиме на Бог да не правите ништо лошо. Не со цел да се докажеме ние, туку за да постапувате правилно вие, па макар и да не сметате за лажни верници. Наша должност е никогаш да не и се противставуваме на вистината, туку цврсто да застанеме на нејзина страна. Се радуваме кога сте вие силни во верата, па макар да не сметате нас за слаби. Се молиме одново да станете зрели христијани. Затоа и ви го пишувам ова, пред да дојдам кај вас, за да не бидам принуден да постапам строго кога ќе дојдам, употребувајќи ја власта што ми е дадена од Господ. Зашто таа власт ми е дадена за да изградувам, а не да уривам. На крајот, драги пријатели христијани, сакам да бидете радосни. Стремете се кон духовна зрелост, охрабрувајте се еден со друг, трудете се да живеете во слога и мир. Тогаш Бог, Кој е извор на љубов и мир ќе биде со вас. Поздравете се меѓусебно со изрази на искрена љубов. Ве поздравуваат сите овдешни христијани. А сега, над секој од вас нека бдеат милостивата благонаклоност на нашиот Господ Исус Христос, Божјата љубов и пријателската придружба на Светиот Дух! *** Од Павле, повикан да биде апостол не од луѓе, ниту со помош на луѓе, туку од Исус Христос и од Бог Таткото, Кој Го воскресна Исуса од мртвите. Сите христијани што се со мене, се придружуваат кон ова писмо што го упатуваме до црквите во Галатија. Бог, Кој е наш Татко и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир. Христос ја исполни волјата на Бог, нашиот Татко и доброволно се предаде како жртва за нашите гревови, за да не спаси од овој зол свет во кој живееме. Затоа Нему Му припаѓа сета слава за вечни времиња. Амин! Постои само една Радосна вест Не можам да се изначудам како толку брзо се одметнавте од Бог, Кој поради Својата љубов и милост спрема вас ве покани да станете сонаследници на Христовите заслуги, а вие се свртевте кон друга Радосна вест! А друга Радосна вест не постои. Некои луѓе сакаат да ве збунат, изопачувајќи ја Радосната вест за Христос. Проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ви ја проповедавме ние, па макар да е тоа и некој од нас или да е ангел од небото! Веќе кажав, но пак ќе повторам: проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ја примивте! Дали јас се обидувам да им угодам на луѓето и ним да им се умилкувам? Мене ми е важно Бог да го одобрува тоа што го проповедам. Да ми беа важни луѓето, немаше да станам службеник на Христос! Сакам да знаете, драги пријатели, дека Радосната вест што јас ви ја проповедав не потекнува од човек, зашто јас не ја чув од човек, ниту за неа некој ми раскажа, туку ја добив преку откровение директно од Исус Христос. Вие сигурно сте слушнале каков бев јас додека и припаѓав на еврејската религија. Безмилосно ја прогонував Божјата црква и се обидував да ја уништам. Јас во еврејската религија напредував многу повеќе од повеќето мои современици и сонародници и бев многу поревносен во спроведувањето на обичаите на моите предци. Но Бог ме одбра уште од утробата на мојата мајка и ме повика, поради Својата благонаклоност што јас не ја заслужувам. Реши да ми Го открие Својот Син, за да проповедам за Него меѓу нееврејските народи. За таа задача јас не барав совети од луѓе, суштества од крв и месо. Не отидов во Ерусалим кај оние што уште пред мене беа апостоли, туку веднаш заминав за Арабија, а подоцна повторно се вратив во Дамаск. Дури по три години отидов во Ерусалим, да се запознаам со Петар и со него останав петнаесет дена. Со другите апостоли, освен со Јаков, братот Господов, не се ни сретнав. Бог ми е сведок дека ова што ви го пишувам не е лага, туку е вистина. Потоа заминав за Сирија и Киликија. Христијаните во Јудеја се уште не ме познаваа лично, туку само беа слушнале дека „оној што ги прогонуваше, сега и самиот ја проповеда верата што сакаше да ја уништи“. И Го славеа Бог заради тоа што го направи со мене. По четиринаесет години, повторно, отидов во Ерусалим, заедно со Барнаба, а со себе го поведов и Тит. Отидов затоа што Бог, преку откровение, така ми нареди. На еден состанок, на кој присуствуваа само поистакнатите водачи на црквата, јас им објаснив како ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи. Го сторив тоа за да не биде залудна мојата сегашна и досегашна работа. Тие не поддржаа, па ни Тит, кој беше со мене, иако е Грк, не го натераа да се обреже, иако некои таканаречени „христијани“ се обидуваа. Тие подмолно се вовлекоа во нашите редови за да извидат каква слобода ние имаме преку верата во Исус Христос, па потоа да можат да ни ја одземат таа слобода и да не претворат во робови на јудаизмот. Ни за момент не им дозволивме да не надвладеат, за да може вистинската Радосна вест да биде зачувана и за вас. Оние што се сметаа за поистакнати (велам се сметаа, зашто за мене тоа воопшто не е важно; Бог не суди според надворешноста), тие поистакнати луѓе не додадоа ништо кон она што јас го говорев. Напротив, тие сфатија дека Бог ми довери да ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи, исто како што на Петар му довери да ја проповеда меѓу Евреите. Бог, Кој работи преку Петар, испраќајќи го да биде апостол меѓу Евреите, сега работи и преку мене, со тоа што ме испрати кај другите народи. Кога Јаков, Петар и Јован, кои се сметаа за столбови на црквата, сфатија дека Бог е благонаклонет спрема мене, се ракуваа со мене и со Барнаба во знак на пријателство, согласувајќи се ние да работиме меѓу нееврејските народи, а тие меѓу Евреите. Единствено од мене бараа да не ги забораваме сиромашните, за кои јас и досега ревносно се грижам. Но кога Петар дојде во Антиохија, јас бев принуден јавно да му се противставам, бидејќи заслужуваше да биде укорен! Имено, пред да дојдат неколкумина пратеници на Јаков, тој слободно јадеше со христијани од нееврејско потекло. Но кога овие дојдоа, се повлече и се одвои од неевреите, плашејќи се да не биде осуден од новодојдените браќа Евреи! Во тоа лицемерство му се придружија и другите Евреи христијани, па дури и Барнаба го вовлекоа во тоа лицемерство! Кога видов дека не постапуваат правилно и во согласност со вистинската Радосна вест, јас пред сите му реков на Петар: „Ти, иако си Евреин, се откажа од еврејските закони и живееш како неевреин. Како можеш сега да ги тераш оние што не се Евреи да живеат според еврејските правила!? Јас и ти по раѓање сме Евреи, а не грешници од народите кои не Го познаваат Бога. Па сепак знаеме дека човек не се помирува со Бог преку придржување кон Мојсеевиот Закон, туку преку вера во Исус Христос. Затоа и поверувавме во Исус Христос, за да бидеме прифатени од Бог преку вера во Христос, а не преку придржување кон Мојсеевиот Закон. Никој нема да се спаси придржувајќи се до Мојсеевиот Закон.“ Кога ние, Евреите, почнавме да бараме помирување со Бог преку вера во Христос, сфативме дека и ние сме грешници. Дали тоа значи дека Христос не направи грешници? Се разбира, не! Ако јас урнам нешто, а потоа се обидувам повторно да го изградам, ќе испадне дека сум згрешил што сум го урнал! Кога се обидов да се придржувам до Мојсеевиот Закон, сфатив дека на тој начин никогаш нема да станам прифатлив за Бог. Затоа јас умрев за Законот, за да можам да живеам за Бог. Јас бев распнат со Христос, и веќе не сум јас тој што живее во моето тело. Христос живее во мене. Животот што сега го живеам, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ја искажа Својата љубов спрема мене со тоа што го даде Својот живот за мене. Јас не можам да гледам како се омаловажува Божјата благонаклоност спрема нас! Зашто, да можевме да се спасиме со придржување кон Мојсеевиот Закон, тогаш немаше потреба Христос да се жртвува! О, неразумни Галати! Кој ве маѓепса!? Пред ваши очи имавте толку јасна претстава за Исус Христос распнат на крстот. Едно сакам да ми кажете: дали го примивте Светиот Дух преку придржување кон Мојсеевиот Закон, или така што ја слушнавте Радосната вест и поверувавте? Како можете да бидете толку неразумни!? Започнавте со духовното, а сега сакате да станете совршени преку телесното! Толку многу претрпевте, а попусто! Зарем попусто страдавте!? Дали Бог ви Го даде Светиот Дух и изврши силни дела меѓу вас поради тоа што го спроведувавте Мојсеевиот Закон или поради тоа што ја слушнавте Радосната вест и поверувавте? Така беше и со Авраам. Тој поверува и верата му се припиша како праведност. Треба да ви биде јасно дека оние што Му веруваат на Бог се вистинските потомци на Авраам. Светото Писмо претскажа дека Бог ќе ги прифати сите народи врз основа на нивната вера во вистинскиот Бог. Тоа беше во оној дел кога Бог на Авраам му ја објави Радосната вест, велејќи му: „Преку тебе ќе бидат благословени сите народи.“ Тоа значи дека секој што ќе поверува во Христос ќе биде благословен, исто како што Авраам беше благословен бидејќи Му поверува на Бог. Сите оние што се надеваат дека ќе се спасат преку придржување кон Мојсеевиот Закон живеат под проклетство! Светото Писмо вели: „Проклет да е секој што не исполнува се што е запишано во книгата на Законот.“ А дека никој не може да се оправда пред Бога преку придржување кон Мојсеевиот Закон јасно се гледа од она што го вели Светото Писмо: „Праведникот добива живот преку вера.“ Законот не се засновува врз верата. Напротив, во него се вели: „Ако сакаш да добиеш живот преку придржување кон Мојсеевиот Закон, ќе мораш да се придржуваш до сите негови заповеди.“ Христос не ослободи од проклетството на Законот, така што, наместо ние, Тој ги поднесе последиците на проклетството. Во Светото Писмо е запишано: „Проклет е секој што е обесен на дрво.“ Така ветувањето што Бог му го даде на Авраам сега може преку Исус Христос да се исполни и сите народи да добијат благослов. Тоа ветување е дека ќе го примат Светиот Дух, врз основа на верата во Христос. Драги пријатели христијани, да ви дадам еден пример од секојдневноста. Ако двајца луѓе склучат договор, никој од нив не може ниту да отстапи од него, ниту пак нешто да додаде кон него. Ветувањето му беше дадено на Авраам и на неговиот Потомок. Светото Писмо не вели „на твоите потомци“, како да се повеќемина, туку вели: „на твојот Потомок“, а тоа е Христос. Сакам да кажам дека Мојсеевиот Закон не може да го промени или поништи ветувањето што Бог го даде четиристотини и триесет години пред да Му биде даден Законот на Мојсеј. Ако добивањето на наследството зависи од придржувањето кон Мојсеевиот Закон, тогаш Божјото ветување не би играло никаква улога, а знаеме дека Бог му подари на Авраам наследство врз основа на Своето ветување. Тогаш зошто постои Мојсеевиот Закон? Тој им беше даден на луѓето за да сфатат дека се грешни. Тој беше на сцена се додека не дојде Потомокот за Кого беше дадено ветувањето. Постои уште една разлика. Ангелите му го дадоа Законот на Мојсеј, а тој им го пренесе на луѓето. Посредник е потребен кога има две страни, а при ветувањето дадено на Авраам, Бог дејствуваше самостојно. Тогаш, дали Законот е во спротивност со Божјото ветување? Никако! Ако Мојсеевиот Закон можеше да ни даде живот, тогаш луѓето ќе се помируваа со Бог со придржување кон Законот. Светото Писмо, меѓутоа, вели дека сите сме заробеници на гревот, па единствениот начин да го добиеме она што Бог го вети е преку вера во Исус Христос. Пред да ни се објави верата во Христос, како начин да бидеме прифатливи за Бог, Законот не чуваше како затвореници, под свој надзор. Така Законот ни беше воспитувач што не водеше кон Христос, за да се помириме со Бог преку вера. Сега кога ни се објави верата, веќе нема потреба Законот да ни биде воспитувач. Сите стануваме Божји деца, преку вера во Исус Христос. Сите што преку крштавање во името на Христос се идентификуваа со Него, станаа како Христос. Без разлика дали се работи за Евреин или за Грк, за роб или за слободен, за маж или за жена, сите што сте христијани сте еднакви пред Христос. Ако Му припаѓате на Христос, тогаш вие сте вистинските потомци на Авраам и вие ќе го добиете она што Бог му го вети. Но, се додека наследникот е малолетен не се разликува многу од роб, иако тој е сопственик на се. Старатели го чуваат и застапници ги водат работите во негово име, се додека не дојде времето што го определил неговиот татко. Така е и со нас. Додека бевме духовно малолетни, им бевме потчинети на световните сили. Кога дојде определеното време, Бог Го прати Својот Син. Тој се роди од жена и живееше под Законот. Бог го испрати Христос за да не ослободи од Законот и, преку посвојување, да не направи Божји деца. За да ви докаже дека и вие, неевреите, станавте Негови деца, Бог Го испрати во нашите срца Духот на Својот Син. Духот ви дава слобода да Му се обраќате на Бог со: „Аба“, односно со „Татко“. Така, сега не сте веќе робови, туку Божји деца, а штом сте Божји деца, вие ќе наследите се што е Божјо. Порано, не познавајќи Го Бог, вие им робувавте на „богови“ кои по својата природа не се богови. Сега Го познавате Бог, или поточно, Бог, познавајќи ве вас, ве одбра да Го запознаете. Како тогаш можете пак да им се враќате на тие слаби и бедни световни сили!? Зошто сакате повторно да станете нивни робови? Почнавте да славите одредени денови, месеци, годишни времиња и години. Страхувам за вас! Се плашам дека попусто се трудев околу вас. Драги пријатели христијани, ве молам, бидете како мене - ослободени од тие работи, како што и јас станав како вас, неевреите - ослободен од Мојсеевиот Закон. Кога бев кај вас вие со ништо не ме повредивте. Се сеќавате дека бев болен кога првпат ви ја проповедав Радосната вест. Иако мојата телесна слабост можеше да биде големо соблазнување за вас, вие не ме презревте, ниту пак одбивте да ме слушате, туку ме примивте како да сум Божји ангел, како да сум Самиот Исус Христос. Каде е сега вашето воодушевување? Тогаш да можевте и сопствените очи ќе си ги ископавте и ќе ми ги дадевте! Зарем ви станав непријател затоа што ви ја кажувам вистината? Тие лажни учители ве опсипуваат со внимание, но нивните побуди не се добронамерни! Сакаат да ве одвојат од мене и да ве придобијат за себе. Треба постојано да бидете ревносни за доброто, а не само додека сум јас кај вас. Деца мои, повторно минувам низ породилни болки заради вас, и тоа ќе трае се додека да се создаде Христова природа во вас. Колку би сакал токму сега да сум со вас и да ви се обратам со поинаков тон, зашто вашата состојба навистина ме збунува! Слушнете ме сега вие што сакате да се придржувате кон Мојсеевиот Закон: Знаете ли што, всушност, кажува тој Закон? Во Светото Писмо пишува дека Авраам имаше два сина: еден од робинка и еден од слободна жена. Синот од робинката беше роден во обид човекот да ги оствари Божјите ветувања, а синот од слободната жена се роди така што Бог го исполни Своето ветување. Се работи за алегорија. Овие две жени преку кои се родија Исмаил и Исак претставуваат два завета. Првиот, претставен преку Агара, е Законот даден на планината Синај, кој ги поробува луѓето. Агара ја претставува планината Синај во Арабија и ја прикажува сегашната состојба на Ерусалим, односно на сиот народ, кој духовно робува. Сара го претставува небесниот Ерусалим. Таа не беше робинка, туку слободна. Таа е нашата мајка. Светото Писмо за неа вели: „Радувај се жено неротко, ти што деца не си раѓала, излези и викај од радост ти што не си видела породилни маки, зашто повеќе деца ќе има неротката, од жената што има маж.“ Вие, драги христијани, исто како и Исак, сте деца родени по ветување. Во тоа време детето родено од робинката го прогонуваше детето што беше родено по ветување. Така е и сега: телесните луѓе не прогонуваат нас, родените од Светиот Дух. Но, еве што вели Светото Писмо: „Избркај ги робинката и нејзиниот син! Синот на робинката нема да биде сонаследник со синот на слободната. Синот на слободната жена ќе добие се.“ Значи, драги христијани, ние не сме деца на робинката, туку на слободната жена. Значи, ние сме слободни! Христос не ослободи. Држете се цврсто до таа слобода и не дозволувајте повторно да ви го стават јаремот на ропството, односно Мојсеевиот Закон. Слушнете ме сега! Јас, Павле, ви тврдам дека ако се надевате преку обрежувањето да се спасите, тогаш Христос не може да ви помогне. Уште еднаш ќе ви нагласам дека секој што ќе се обреже е должен да го спроведува целиот Мојсеев Закон. Тие што се обидуваат да се помират со Бог преку придржување кон Мојсеевиот Закон, се одвојуваат од Христос и ја губат Неговата благонаклоност. А ние, христијаните, со нетрпение очекуваме да бидеме оправдани, но преку Светиот Дух и преку вера. За тој што верува во Исус Христос нема никакво значење дали е обрежан или не. Важно е да имате делотворна вера и таа да се искажува преку љубов. Добро напредувавте. Кој ве спречи да продолжите да ја следите вистината? Тоа сигурно не е Бог, зашто Тој ве избра. Малку квасец треба за да скисне целото тесто! Јас сепак верувам дека Господ ќе ве одржи за да не отстапите од вистината, а оние што ве збунуваат, кои и да се, ќе си ја добијат заслужената казна. Што се однесува до обвинувањата против мене, драги пријатели христијани, дека јас се уште проповедам оти обрежувањето е неопходно, зошто тогаш Евреите ме прогонуваат? Да е така, она што јас го проповедам за Христовиот крст не би претставувало камен на сопнување за нив. Би сакал оние што ве збунуваат терајќи ве да се обрежете, да не застанат на обрежувањето, туку самите себе и да се кастрираат! Што се однесува до вас, драги пријатели христијани, вие сте избрани да живеете во слобода. Немојте, меѓутоа, таа слобода да ви биде изговор за да дозволите телесното да завладее со вас. Напротив, со љубов служете си еден на друг. Зашто, целиот Закон може да се сведе само на една заповед: „Сакај го својот ближен како што се сакаш себеси.“ Но, ако наместо да се сакате, се гризете и се растргнувате како диви ѕверови, внимавајте сосема да не се уништите! Сакам да ви го кажам следново: дозволете Светиот Дух да ве раководи и нема да им подлегнувате на грешните телесни похоти. Грешните телесни похоти се противат на дејствувањето на Светиот Дух, а Светиот Дух се противи на дејствувањето на грешните телесни похоти. Овие две сили се борат една против друга. Тоа значи дека нема да можете да правите се што ќе посакате. Но ако сте водени од Светиот Дух, значи дека вие веќе не сте под Законот. Делата на грешната телесна природа се видливи: блуд, погани работи, разврат, идолопоклонство, вражање, омрази, кавги, љубомора, гнев, себичност, поделби, ереси, завист, пијанство, развратни гозби и слични нешта за кои веќе порано ве предупредив. Како што веќе ви зборував, оние што прават такви нешта нема да го наследат Божјото царство. Од друга страна, ако ве раководи Светиот Дух, Тој ќе ги произведе во вас следниве плодови: љубов, радост, мир, трпеливост, љубезност, добрина, верност, кроткост и самоконтрола. Не постои закон што е против вакви нешта. Тие што Му припаѓаат на Исус Христос, ја имаат распнато својата грешна телесна природа, заедно со нејзините необуздани желби и страсти. Ако Светиот Дух ни дал живот, тогаш треба да живееме согласно Неговото водство. Не смееме да бидеме самобендисани, да се провоцираме еден со друг или да си завидуваме. Драги пријатели христијани, ако некој од вас заглиби во некаков грев, вие што сте подуховни треба да му помогнете да се извлече, но внимателно, чувајќи се и вие да не бидете завлечени. Помагајте си еден со друг кога имате проблеми. На тој начин ќе го извршувате Христовиот закон. Ако некој мисли дека е премногу важен за да им помага на другите, самиот се залажува. Со тоа само покажува дека е никој и ништо. Секој треба да си ги проценува сопствените постигања, без да се споредува со други луѓе. Ако некоја работа е добро извршена, тоа треба да биде за лично задоволство, а не за да се фали пред другите. Зашто секој од нас е одговорен за сопственото поведение. Оние што присуствуваат на поуки од Светото Писмо, нека ги делат сите свои добра со учителот што ги поучува. Не залажувајте се: никој не може да го измами Господ! Секој човек ќе си го жнее тоа што си го сее! Тој што живее само за сопственото тело, ќе ожнее смрт, а кој живее за Духот, од Него ќе добие вечен живот. Да бидеме неуморни во правење добро, зашто ако истраеме, ќе дојде време кога ќе го ожнееме посеаното. Затоа, секогаш кога ќе ни се укаже можност, треба да им правиме добро на сите луѓе, а особено на оние што се наше семејство по вера, на христијаните. Гледате со колкави големи букви ви пишувам кога пишувам со сопствена рака! Оние што се обидуваат да ве натераат да се обрежете го прават тоа само за да не бидат прогонувани поради проповедање дека спасението доаѓа само преку вера во Христовата жртва на крстот. Зашто ни самите тие, иако се обрежани, не се придржуваат кон целиот Закон. Тие сакаат да ве натераат да се обрежете, само за да се фалат дека ве придобиле. Што се однесува до мене, да не даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со придобивките од крстот на нашиот Господ Исус Христос. Поради тој крст, умре во мене интересот за овој свет, а умре и интересот на овој свет за мене. Не е важно дали е човек обрежан или не. Важно е да се промениме, да станеме нови луѓе. На сите што ќе се придржуваат кон ова правило им посакувам мир и милост од Господ. Тие се новиот Божји народ. Отсега натаму никој нека не ми додева со вакви обвинувања, зашто јас на сопственото тело носам лузни што покажуваат дека Му припаѓам на Христос. Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет, и духовно нека биде со вас, драги мои. Амин. Од Павле, одбран од Бог да му биде апостол на Исус Христос, до Божјиот свет народ во Ефес, до верните следбеници на Исус Христос. Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир. Благословен нека е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој не благослови со секаков вид духовни благослови од небесните простори, бидејќи Му припаѓаме на Христос. Поради Својата љубов спрема нас, уште пред светот да биде создаден, Бог не одбра да бидеме Негов народ, преку вера во Христос, и да бидеме свети и без пороци во Неговите очи. Неговиот план отсекогаш беше, преку Исус Христос, да не посвои, да не направи Негови деца. Тоа беше резултат на Неговата благонаклоност спрема нас. Го славиме Бога заради таа прекрасна благонаклоност што ја излеа врз нас, бидејќи Му припаѓаме на Неговиот сакан Син. Христос ја пролеа сопствената крв за да не откупи. Сега гревовите ни се простени. Го стори тоа поради Својата неизмерна благонаклоност спрема нас, излевајќи ја врз нас заедно со сета мудрост и разбирање. Бог ни откри каква Му била намерата и ни го објасни тајниот план што веќе беше решил да го оствари преку Христос. Планот што Бог ќе го доврши, кога за тоа ќе дојде време, е да собере се заедно, и од небото и од Земјата, и да го стави под власт на Христос. Токму по заслуга на Христос и ние бевме избрани за наследници, однапред определени од Бог, Кој се прави онака како што Самиот Тој ќе реши. Ние ќе ја увеличиме Божјата слава, сите ние што навреме ја положивме својата надеж во Христос. И вие сте сега Божји народ. Ја слушнавте вистината, Радосната вест за тоа како можете да се спасите, и поверувавте во неа. Бог ве посвои, ставајќи го врз вас Својот печат со тоа што ви го даде Светиот Дух, токму онака како што ни беше ветено. Светиот Дух е гаранција дека навистина ќе го добиеме она што Бог му го вети на Својот народ: откупување, ослободување за тие што се Негови. Тоа е уште една причина да го славиме нашиот величествен Бог. Слушнав за вашата вера во Исус Христос и за љубовта што ја имате спрема сите христијани и во моите молитви постојано Му благодарам на Бог за вас. Го молам Бога, Славниот Татко на нашиот Господ Исус Христос, да ви даде духовна мудрост и да ви открие се за Себе, за да Го запознаете целосно. Се молам вашите срца да бидат просветлени, за да согледате каква прекрасна иднина им е ветена на повиканите, да разберете какво богато и величествено наследство има Бог за Својот свет народ, колку е огромна силата со која Тој работи за нас кои Му веруваме. Таа сила е истата онаа моќна сила со која Тој Го воскресна Христос од мртвите и Му Го додели почесното место на небото, од Својата десна страна. Христос е високо над сите владетели и власти, над сите сили и господари, над секого, не само во овој свет, туку и во идниот. Бог се стави под власт на Христос и Го постави за Господар над се, во полза на Црквата. Црквата е Христовото тело, таа е исполнета со Христос, Кој со своето присуство исполнува се и насекаде. Порано и вие бевте мртви, вечно осудени од вашите престапи и гревови. Живеевте грешно, онака како што живее и останатиот свет. Му се покорувавте на Ѓаволот, на оној што владее со силите во воздухот, на духот што и сега владее во оние што не Му се покоруваат на Бог. Сите ние порано живеевме така. Се раководевме од нашите телесни страсти, го правевме она што го сака нашата грешна природа, преку телото и умот. Со таквата наша природа ние бевме подложни на Божјиот гнев, како и другите луѓе. Но Бог е толку полн со милост, толку е голема љубовта што ја чувствува спрема нас, така што уште додека бевме мртви, удавени во нашите гревови, Тој не врати во живот. Со тоа што го воскресна Христос, ни овозможи и нам да оживееме. Вашето спасение е резултат на Божјата благонаклоност, која никој од нас не ја заслужува. Значи, заедно со Исус Христос, Бог не воскресна и нас, и ни даде место на небото, веднаш до Исус, затоа што сме во единство со Него. Тоа го стори за да бидеме пример во времињата што доаѓаат за Неговата огромна благонаклоност, што се покажа преку сето она што Тој го стори за нас, кои сме на страната на Исус Христос. Бог, кога поверувавте, ве спаси поради Својата милостива благонаклоност спрема вас. Спасението не е по ваша заслуга, тоа е Божји дар. Никој не го заработил, па да може да се фали. Ние сме Божјо совршено, врвно дело. Создадени сме преку Исус Христос, за да живееме живот исполнет со добри дела, што Бог уште одамна ги испланирал за нашите животи. Затоа не заборавајте што бевте порано. Вие според раѓањето не сте Евреи. Оние што се обрежани, иако е тоа само телесно обрежување и извршено од човечка рака, со презир ве нарекуваа „необрезани“. Тоа беше кога Го немавте Христос. Бевте туѓинци и не бевте дел од Божјиот народ. Немавте дел во заветот, во ветувањата што Бог му ги даде на Својот народ. Живеевте во овој свет без надеж и без Бог. Но сега го имате Исус Христос. Вие кои некогаш бевте далеку, сега сте доведени близу до Бог, благодарение на крвта што Христос ја пролеа за вас. Христос е Тој што не помири, Кој од Евреи и неевреи направи еден народ. Го урна ѕидот што не раздвојуваше и не правеше непријатели. Со Својата смрт Христос му стави крај на целиот еврејски систем од заповеди и правила. Преку Себе Христос создава нов човек, и од Евреин и од неевреин, изградувајќи така мир. Умирајќи на крстот, и за едните и за другите, Христос го уништи непријателството што владееше меѓу нив, ги помири со Бог и ги обедини во еден народ. Христос дојде и проповедаше помирување со Бог, и за вас неевреите што бевте далеку, и за нас Евреите што Му бевме близу. Преку Него и вие и ние, со посредство на Светиот Дух, имаме пристап до Таткото. Затоа сега вие не сте веќе туѓинци и странци, туку сограѓани на Божјиот народ и членови на Божјото семејство. И вие сте изградени врз темелите што ги поставија апостолите и пророците, а Христос е ваш потпорен камен. Тој целата градба ја држи цврсто поврзана и ја претвора во свет храм на нашиот Господ. Соединети со Него, и вие сте дел од духовната градба во која живее Бог. Токму поради тоа што ви проповедам за Исус Христос и вам кои не сте Евреи, јас, Павле, сега лежам в затвор. Вие сигурно сте слушнале дека Бог ми ја довери задачата да ви ја проповедам Неговата милост и љубов спрема вас, неевреите. Тој ми го откри и објасни Неговиот таен план. (За тоа порано накратко ви пишував, и можете да прочитате, за да дознаете како ми беше откриена тајната за Христос.) На претходните поколенија таа тајна не им беше објавена. Бог сега, преку Светиот Дух, им ја откри на Неговите свети апостоли и пророци. Од Радосната вест дознаваме дека тајната е во тоа што по заслуга на Исус Христос и нееврејските народи се соучесници во ветувањата што ги даде Бог, сонаследници со Евреите и органи на истото тело. Бог беше многу милостив и благонаклонет спрема мене. Неговата сила ми даде дарба и задача да ја ширам Радосната вест. Спрема мене, најмалку достојниот од сите Божји избраници, Бог беше благонаклонет и ме одбра да им ја проповедам Радосната вест на нееврејските народи, веста дека им стојат на располагање неисцрпни богатства, се по заслуга на Христос. Бог, Создателот на се што постои, ме одбра да им го објаснувам на сите луѓе Божјиот план, што со векови беше скриен во Неговиот ум. Целта беше преку формирањето на Црквата да им се покаже на сите владетели и власти во небесните простори дека Бог има многустрана мудрост. Сето тоа беше во согласност со Божјиот вечен план, што се оствари преку нашиот Господ Исус Христос. Во заедништво со Христос и преку вера во Него ние можеме смело и со целосна доверба да Му пристапуваме на Бог. Затоа ве молам да не се обесхрабрувате поради страдањата низ кои сега јас минувам. Тие ќе бидат за ваша полза, за ваша слава. Кога само ќе помислам на Божјата мудрост и на Неговиот план, на колена паѓам пред небесниот Татко, Создателот на секој род, и на небото и на Земјата. Го молам Бога, од Својата огромна слава, преку Неговиот дух, да ви даде внатрешна сила, за да бидете непоколебливи. Христос, преку вера, да се всели во вашите срца. Да пуштите корени и цврсто да се закрепите во Божјата љубов, за да бидете способни, заедно со сите побожни луѓе, да сфатите колку широка и долга, колку висока и длабока е Неговата љубов. Да ја искусите таа несфатливо голема љубов и така целосно да се исполните со сета полнота што доаѓа од Бог. А сега на Бог, Кој со Својата делотворна моќ може да направи за нас многу повеќе од она што можеме да го посакаме или замислиме, нека Му биде оддавана слава преку Црквата и преку Христос Исус, во сите поколенија и за вечни времиња! Амин! Затоа ве молам, јас кој сум затвореник поради тоа што проповедам за Господ, да живеете живот достоен за луѓе што се повикани, одбрани од Бог. Да бидете понизни, кротки и трпеливи. Да се толерирате меѓусебно и да се сакате. Трудете се да ги зачувате единството, меѓусебната поврзаност и мирот што ви ги дава Светиот Дух. Сите ние сме дел од едно исто тело, сите го имаме истиот Божји Дух, и кога бевте одбрани да бидете Божји народ, вам ви беше дадена една иста надеж. Постои само еден Господ, само една вера, само едно крштавање. Постои само еден Бог, Татко на сите. Тој е Господар над сите, дејствува преку сите и живее во сите. Но Христос секого од нас го надарил со разновидна дарба, како што Тој милувал. Затоа Светото Писмо вели: „Кога се вознесе во висините, зеде со Себе многу затвореници и им даде дарови на луѓето.“ Што значи тоа „кога се вознесе“? Тоа подразбира дека Тој прво слезе до најдолните предели на Земјата. Тој што слезе е истиот Оној што се издигна високо над сите неба, а тоа е Христос, за да може да ја исполни целата вселена и да владее со неа. Христос надарил некои луѓе да бидат апостоли, други да бидат пророци; некои да бидат евангелизатори, а други духовни пастири и учители. Тие треба да ги обучат Божјите луѓе за извршување на Неговото дело - изградба на Црквата, духовното Христово тело, се додека сите заедно не постигнеме единство во верата и во познавањето на Божјиот Син, со што ќе станеме целосно зрели според возвишените стандарди што ги постави Христос. Не треба веќе да се однесуваме како малолетници, фрлани наваму - натаму од брановите, носени од сите ветришта на лажните човечки учења, кои итро ги водат луѓето во стапицата на измамата. Треба да растеме, цврсто држејќи се до вистината, искажувајќи ја со љубов, доближувајќи се во секој поглед до Оној што е главата, до Христос. Тој го поврзува и обединува целото тело, за да функционира како сложна целина. Кога секој дел од телото си ја извршува својата функција, целото тело расте, самото себе се изградува и се исполнува со љубов. Затоа ви велам и ве обврзувам пред Господ: не треба веќе да живеете онака како што живеат луѓето кои не знаат за Господ, водени од нивните празни умови. Нивните умови се помрачени. Тие се отуѓени од животот што доаѓа од Бог, затоа што не го разбираат тоа, а не го разбираат бидејќи срцата им се закоравени. Тие веќе не го разликуваат праведното од грешното. Лакомо се препуштаат на разни пороци и на секаков вид гнасни работи. Но вие што сте запознаени со учењето на Христос, не сте учени така да живеете. Слушнавте за Него и научивте дека вистината произлегува од Исус. Затоа, отфрлете ја вашата стара природа и поранешниот начин на живеење, таа стара природа, докрај расипана, полна со похот и измама. Сега сте духовно препородени, со нов начин на размислување. Однесувајте се како нови луѓе, создадени да бидете слични на Бог: праведни, свети и искрени. Веќе не треба ни да помислите да лажете, туку да ја зборувате само вистината, бидејќи сме органи на едно исто тело. „Не гневете се во толкава мера та да грешите!“ Гневот нека ви помине уште истиот ден! Не оставајте простор Ѓаволот да дејствува! Кој крадел, да не краде веќе; нека работи нешто чесно, нека заработува со своите раце, па да може да им дава и на оние што имаат потреба од помош. Лоши зборови да не излегуваат од вашата уста! Зборувајте поучни работи, зборови од кои слушателите ќе имаат некаква полза. Не ожалостувајте го Светиот Дух со своите постапки. Тој е вашиот гарант дека сте спасени и ве чува за денот на откупувањето. Ослободете се од сета горчина, гнев и лутина. Немојте да викате еден на друг и да се навредувате. Ослободете се од се што е зло. Бидете љубезни еден спрема друг и полни со милосрдие, простувајте си, како што и Бог ви прости преку Христос. Следете го Божјиот пример, бидејќи вие сте Негови омилени деца. Вашите постапки нека бидат водени од љубовта, токму онака како што Христос, воден од љубов, го принесе Својот живот како жртва што Му е пријатна на Бог и има сладок мирис. Вие сте свети Божји луѓе и меѓу вас не смее да има блуд, гнасотии и алчност. Не смее да има безобразни, глупави разговори и двосмислени шеги. Сето тоа не ви прилега. Наместо тоа, искажувајте ја вашата благодарност спрема Бог. Можете да бидете сигурни дека ниту еден блуден, гнасен или алчен човек нема да биде во Царството на Христос и на Бог. И алчноста е еден вид идолопоклонство! Не дозволувајте никој да ве мами, наоѓајќи оправдување за ваквите гревови! За вакви работи Бог ги казнува сите непослушни луѓе! Со такви луѓе немојте да си имате работа. Вие порано бевте во мрак, но сега, откако поверувавте во Господ, ве огреа светлина. Затоа однесувајте се како деца на светлината. Таа светлина во вас ќе роди секаков вид добрина, праведност и вистина. Трудете се да откриете што Му е мило на Бог и тоа правете го. Не учествувајте во бесполезни работи, кои се дела на темнината. Напротив, разоткривајте ги! За она што тајно го прават некои луѓе срамота е дури и да се зборува! Но светлината ќе ги разоткрие и се ќе излезе на виделина, Зашто се што е изложено на светлина, станува јавно. Затоа се вели: „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите и Христовата светлина ќе те огрее.“ Внимавајте како живеете! Нека биде тоа мудро, а не неразумно. Ова се тешки времиња, затоа користете го секој миг. Немојте да се однесувате глупаво, туку трудете се да сфатите како Господ сака да се однесувате. Не опивајте се со вино! Тоа може само да ве уништи. Дозволете Му на Светиот Дух да ве исполни и да ве води! Разговарајте еден со друг, читајте псалми, пејте химни и духовни песни! Вашите срца нека пеат за Господ! Постојано и за се заблагодарувајте Му се на Бог, небесниот Татко во името на нашиот Господ Исус Христос. Слушајте се еден со друг од почит спрема Христос. Жените треба да ги слушаат своите сопрузи, онака како што Го слушаат Господ, зашто мажот е глава на својата сопруга, онака како што Христос е глава на Црквата. Тој е Спасител на Црквата, која е Негово тело, па, како што Црквата Му е послушна на Христос, така треба и жените во се да им се послушни на своите сопрузи. Истото важи и за вас мажите. Секој маж нека си ја сака својата сопруга онака како што Христос ја сака Црквата и животот си го даде за неа, за да ја направи света, исчистувајќи ја преку водното крштавање и преку Божјото Слово, да ја доведе пред Себе славна, без дамка, без брчка, без ништо слично, па да биде света и без мана. Така треба и мажот да ја сака својата сопруга. Да ја сака онака како што си го сака сопственото тело. Кога човек си ја сака сопругата, покажува дека се сака самиот себе. Никој не го мрази сопственото тело, туку го храни и се грижи за него. Тоа го прави и Христос за Црквата. А ние сме органи во Неговото тело - Црквата. Светото Писмо вели: „Заради тоа човек ќе ги напушти својот татко и својата мајка и ќе се здружи со својата жена, па тие двајца ќе станат едно тело.“ Тоа е голема мистерија, но ова што го зборувам се однесува на Христос и на Црквата. Затоа, ќе ви повторам уште еднаш: секој маж нека си ја сака сопругата, онака како што се сака себеси, а жената нека го почитува својот сопруг. Деца, бидете им послушни на своите родители бидејќи вие Му припаѓате на Господ. Тоа е примерно поведение. Првата од Десетте заповеди што содржи и ветување гласи: „Почитувај ги своите татко и мајка.“ А ветувањето е: „за да ви биде добро и долго да поживеете на Земјата.“ Татковци, немојте да предизвикувате лутина кај вашите деца. Одгледувајте ги и воспитувајте ги во Господовото учење. Робови, бидете им послушни на вашите земни господари, со страхопочит, искрено, од се срце, како да Му служите на Христос. Работете чесно, не само кога ве гледаат, и не за да ја добиете нивната наклоност, туку како робови на Христос кои од се срце ја исполнуваат Божјата волја. Ревносно исполнувајте ги вашите должности, правејќи го тоа како за Господ, а не како за луѓето, зашто знаете дека секој што прави добро, било да е роб или слободен, ќе биде награден од Господ. Истото важи и за вас, господари. Однесувајте се спрема вашите робови според истите принципи и немојте да им се заканувате, зашто знаете дека и тие и вие имате еден ист Господ на небото, кај Кого нема пристрасност! На крајот ви порачувам да црпите сила од Господ и од Неговата огромна моќ. Облечете го целосно Божјиот оклоп, за да можете да ги издржите подмолните напади на Ѓаволот. Ние не се бориме против луѓето од крв и месо, туку против злите владетели и власти на невидливиот свет, против мрачните духовни сили што владеат со овој свет и против злите духови во небесните простори. Затоа целосно облечете го Божјиот оклоп. Така ќе можете да издржите во зло време, па откако борбата ќе заврши, ќе останете цврсто исправени. Бидете непоколебливи, препашани со појасот на вистината, облечени со штитникот на праведноста, обуени и подготвени непоколебливо да чекорите, носејќи ја Радосната вест што донесува мир. Со сето ова, понесете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги сопрете и угасите сите огнени стрели на Злиот. Ставете го спасението како шлем и земете го мечот на Светиот Дух, а тоа е Божјото Слово. Постојано молете се и барајте, онака како што ве води Светиот Дух. Бидете будни и истрајно молете се за сите христијани. Молете се и за мене, кога ќе отворам уста, Бог да ми даде зборови смело да проповедам за тајната на Радосната вест, иако сега сум во окови токму поради тоа што, како Божји пратеник ја проповедам Радосната вест. Молете се да продолжам смело да зборувам, како што и треба. Тихик, мојот драг брат по вера и верен помошник во работата за Господ, ќе ви каже како сум и што правам. Токму заради тоа го испраќам кај вас, за да ви каже што правиме ние и да ве охрабри. На сите христијани таму им посакувам мир и љубов со вера што доаѓа од Бог Таткото и од Господ Исус Христос. Бог нека им биде благонаклонет на сите што Го сакаат нашиот Господ Исус Христос со љубов што не гасне. Од Павле и Тимотеј, службеници на Исус Христос, Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир. Секојпат кога ќе помислам на вас, Му се заблагодарувам на мојот Бог и секогаш со задоволство се молам за вас, зашто вие ми помагате во ширењето на Радосната вест уште од првиот ден кога ја слушнавте, па се досега. Сигурен сум дека Бог, Кој ја започна оваа добра работа во вас, ќе продолжи да ја води, се додека не ја заврши, на денот кога Исус Христос повторно ќе дојде. Сите сте ми многу драги, и со право ми прираснавте за срце, зашто и вие ја делите со мене оваа привилегија што Бог ми ја даде, сега, кога сум в затвор, како и порано кога бев слободен, да ја бранам и ширам Радосната вест. Бог ми е сведок дека моите чувства спрема сите вас се искрени и дека ве сакам онака како што ве сака и Исус Христос. Се молам и вашата љубов еден спрема друг се повеќе да расте, вашето знаење да се продлабочува, и се потемелно да ги разбирате работите, за да знаете да го одберете она што е најдобро. Така, на денот кога Христос ќе се врати, ќе бидете беспрекорни и чисти. Вашите животи ќе бидат исполнети со вистински вредности, какви што само Исус Христос може да создаде, за слава и величање на Бог. Сакам да знаете, драги пријатели христијани, дека она што ми се случи, помогна Радосната вест уште поуспешно да се шири. Целата царска стража во касарната и сите луѓе што се овде дознаа дека сум затворен поради тоа што проповедам за Христос. Мојот престој во затворот кај повеќето христијани ја зацврсти нивната вера во Господ, ги поттикна да бидат посмели и без страв да ја проповедаат Божјата порака. Навистина, некои тоа го прават од завист и од соперништво спрема мене, но другите со најискрени намери проповедаат за Христос. Оние што го прават тоа од љубов знаат дека Бог ме определи да ја бранам Радосната вест. Оние, пак, што проповедаат од ривалство и нечесни мотиви, сакаат да ми ја наголемат болката додека сум в затвор. Но без оглед на тоа дали мотивите се чисти или не, се проповеда за Христос! А јас на тоа се радувам и ќе продолжам да се радувам, бидејќи знам дека преку вашите молитви и со помошта што доаѓа од Духот на Исус Христос сето ова ќе биде за мое избавување. Јас најискрено се надевам и посакувам во ништо да не потфрлам, исполнувајќи ја својата должност. Сакам секогаш, а посебно сега, да бидам полн со храброст, и со целото мое битие да Му донесам слава на Христос, било преку мојот живот, или преку мојата смрт. Што е животот? За мене тоа е Христос! Што е смртта? За мене тоа е чиста добивка! Но ако останам жив ќе можам плодно да работам за Христос. Затоа, кога би требало јас да избирам, не знам што би одбрал. Растргнат сум од овие две желби: да го напуштам овој живот и да бидам со Христос, зашто за мене тоа е далеку подобро, или да останам овде, во тело, што би било многу покорисно за вас. Со таа увереност ќе останам со сите вас и ќе продолжам да работам, за да напредувате и да се радувате во верата, па кога повторно ќе бидам со вас ќе имате уште поголема причина да се гордеете со вашата вера во Исус Христос и со мене. Трудете се да живеете достојно на Радосната вест на Христос. Без разлика дали сум со вас и можам да видам што правите, или сум отсутен, сакам да слушам само добро за вас: дека еднодушно и сложно се борите за верата што произлегува од Радосната вест. Немојте да се плашите од вашите непријатели. Бидете секогаш храбри. Со тоа ќе им покажете дека тие ќе изгубат, а вие ќе бидете спасени, зашто Бог е на ваша страна. Дадена ви е привилегијата да Му служите на Христос, не само со тоа што ќе верувате во Него, туку и со тоа што ќе страдате за Него, водејќи ја истата борба што ја водев јас, како што и самите видовте, борба што и сега, како што слушате, продолжувам да ја водам. Затоа, ако наоѓате охрабрување во фактот дека сте Христови следбеници, ако Неговата љубов ве утешува, ако имате заедништво со Светиот Дух, ако сте чувствителни и сочувствувате еден спрема друг, тогаш потрудете се мојата радост да биде целосна со тоа што ќе бидете сложни, ќе се сакате, и здружени ќе се стремите кон една иста цел. Немојте да правите ништо од себичност, од ривалство и со цел да се истакнете, туку работете скромно и негувајте повисоко мислење за другите, отколку за себе. Не гледајте си ги само сопствените интереси, туку грижете се и за потребите на другите. Размислувајте онака како што размислуваше Исус Христос: Тој, иако по Својата природа е Бог, е ја искористи Својата еднаквост со Бог за да приграби нешто за Себе. Напротив, се откажа од тоа и стана слуга, се роди во човечко тело и живееше како човек. Како човек, Тој се понижи, остана покорен и по цена на Својот живот, и понизно умре распнат на крст. Затоа Бог Го воздигна и Му даде име поголемо од секое друго име. Пред тоа име, пред Исус, сите суштества на колена ќе клекнат: небесните, земните и оние под земјата, сите отворено ќе признаат дека Исус Христос е Господ! Тоа ќе Му донесе слава на Бог Таткото. Затоа, драги мои, како што бевте послушни додека бев кај вас, уште поважно е да останете послушни и сега, кога сум отсутен. Продолжете да работите, со длабока страхопочит, за да се заокружи вашето спасение, зашто Бог дејствува во вас, за да ве направи желни и способни да го работите она што Тој го сака. Се што ќе правите, правете без да негодувате или да се расправате, за да бидете беспрекорни и чисти. Меѓу овие расипани, изопачени луѓе вие треба да бидете совршени Божји деца, да светите меѓу нив како што ѕвездите светат на небото, држејќи се цврсто до Пораката што носи живот. Така, кога Христос ќе се врати, јас ќе се гордеам со вас, зашто ќе биде јасно дека моите напори и мојата работа не биле залудни. Вашата вера во Господ и вашето служење се жртва што Му се принесува на Бог. Можеби мојата крв ќе треба да се излее како принос врз таа жртва. Ако биде така, јас ќе бидам среќен и ќе се радувам со сите вас. Така и вие треба да бидете среќни и да се радувате со мене. Ако Му е тоа по волја на Господ Исус, се надевам дека набрзо ќе можам да го пратам кај вас Тимотеј, та кога ќе се врати да ме израдува со вести за вас, зашто немам друг истомисленик што толку искрено се грижи за вас. Сите други работат за своја корист, а не за делото на Исус Христос. Но, тој се има докажано како карактерен човек. Се сеќавате како работевме заедно на ширењето на Радосната вест: како татко и син. Се надевам дека ќе можам да го испратам веднаш штом дознаам каква судбина ми се подготвува, а се надевам дека Господ ќе ми овозможи наскоро и јас да дојдам кај вас. Во меѓувреме, сметав дека е потребно да ви го пратам нашиот брат Епафродит, со кој заедно работевме и се боревме, откако вие ми го испративте да ми помага во разни потреби. Тој одвај чека да ве види, копнее да се врати дома, зашто му падна тешко што сте разбрале дека беше болен. Навистина беше смртно болен, но Бог му се смилува. И не само нему, туку и мене ми се смилува, за да не ми дојде тага врз тага. Брзам да го испратам, за да го видите и да му се нарадувате, па и јас да не бидам толку загрижен за вас. Затоа, пречекајте го со радост, како брат во Господ. Таквите како него треба многу да ги цените, зашто работејќи за Христос, тој животот си го доведе во опасност и речиси умре, за да ми помогне и да ми го надомести тоа што вие не можевте да го направите за мене, бидејќи сте далеку. За крај, драги мои, радувајте се што Му припаѓате на Господ. Мене не ми е тешко одново да ви го напишам истото нешто што веќе порано сум ви го пишувал, бидејќи тоа ќе придонесе да се заштитите. Чувајте се од тие зли луѓе, од тие кучиња што тврдат дека обрежувањето е неопходно! Тоа е лажна побожност! Ние, а не тие, сме обрежани на вистинскиот начин, зашто преку (Светиот) Дух Му служиме на Бог и се гордееме со Исус Христос. Ние не ја полагаме својата вера во телесни вредности. Јас, се разбира, би можел да се потпрам на телесните вредности. Ако некој мисли дека може да се потпира на телесни вредности, нека знае дека јас имам многу повеќе причини така да мислам. Обрежан сум кога сум имал осум дена, Израелец сум по раѓање, од племето на Бинјамин - чистокрвен Евреин. Им припаѓав на фарисеите, што подразбира стриктно придржување кон верските закони. Бев толку ревносен, што дури ги прогонував христијаните. Толку колку што човек може да биде праведен со почитување на заповедите од верскиот Закон, јас беспрекорно се придржував до нив. Но сите тие нешта што порано толку многу ми значеа, сега, кога верувам во Христос, ги сметам за безвредни. И уште повеќе, сметам дека се е рамно на загуба во споредба со таа скапоцена придобивка: да се познава Исус Христос, мојот Господ. Заради Него се откажав од сите тие телесни вредности и ги сметам за обичен смет. Христос е се што ми треба. Со Него сакам да бидам, не преку моја сопствена праведност, што би произлегувала од придржување кон верскиот Закон, туку преку праведност што се добива заради вера во Христос, праведност што доаѓа од Бог, врз основа на вера. Сакам длабоко да Го запознаам Христос, да ја доживеам силата што Го воскресна, да искусам дел од Неговите страдања и да се идентификувам со Неговата смрт, па така некако да стигнам до воскреснување од мртвите. Јас не велам дека веќе сум успеал да го постигнам тоа, или дека сум станал совршен. Но, и понатаму се стремам да ги постигнам целите заради кои Исус Христос ме придоби. Се разбира, драги пријатели христијани, јас не мислам дека веќе сум успеал да го достигнам тоа, но мислам дека успеав да го заборавам она што е зад мене и од се срце да се стремам кон она што е пред мене. Трчам право кон целта, за да ја добијам наградата, небесното жителство за кое Бог, преку Исус Христос, не повика. Сите што сте духовно зрели, вака треба да размислувате. Ако во нешто не се согласувате, верувам дека Бог тоа ќе ви го разјасни. Но важно е да продолжиме да се придржуваме до вистината што веќе ја прифативме. Драги пријатели христијани, одете по моите стапки. Гледајте на оние што го следат нашиот пример. Многу пати досега сум ви го кажал ова, а и сега, со солзи во очите ќе ви го повторам: има многу луѓе кои според начинот на кој живеат му се непријатели на Христовиот крст. Тие ќе завршат во пеколот, бидејќи нивните телесни желби им се бог. Се гордеат со она од што би требало да се срамат и размислуваат само за овоземни работи. За разлика од нив, ние сме жители на небото и желно очекуваме нашиот Спасител, Господ Исус Христос, оттаму да дојде. Тој ќе ги преобрази нашите слаби, смртни тела и ќе ги направи слични на Неговото славно тело, со истата моќ со која ќе ја преземе власта над се. Затоа, мои мили и многу сакани пријатели христијани, по кои толку копнеам, радост моја, гордост моја, останете Му непоколебливо верни на Господ! Еводија и Синтихија, ве молам обидете се да се усогласите во работата за Господ. Те молам и тебе, мој верен соработнику, помогни им. Тие многу работеа со мене на ширењето на Радосната вест, заедно со Климент и со многу други мои соработници чии имиња се запишани во Божјата книга на живите. Радувајте му се на вашето заедништво со Господ, постојано радувајте се! Бидете внимателни спрема сите, луѓето по тоа да ве знаат. Господ брзо ќе дојде. Немојте да се јадосувате за ништо, туку во сите ваши молитви барајте го од Бог она што ви е потребно и бидете благодарни за она што го добивате. Ако правите така, тогаш Божјиот мир, кој е далеку над она што човек може да го разбере, ќе ги чува вашите срца и умови, поради вашата припадност на Исус Христос. За крај, мои драги пријатели христијани, стремете се кон она што е вистинито, чесно и праведно; она што е невино, љубезно, на добар глас, вредно и ценето. Применете го во практика она што го научивте и добивте од мене, било слушајќи ме што зборувам, било гледајќи ме како постапувам, па Бог, Кој е извор на мир, ќе биде со вас. Господ ми даде голема радост што по толку долго време вие пак имавте можност да покажете дека се грижите за мене. Не дека престанавте да се грижите за мене, туку немавте можност да го покажете тоа. Не го кажувам ова затоа што бев во беда. Се научив да бидам задоволен со тоа што го имам. Знам како да живеам и во сиромаштија и во изобилие. Ја научив таа тајна, па сега секогаш и секаде сум задоволен, без разлика дали сум сит или гладен, дали имам многу или малку. Со силата што Христос ми ја дава можам да издржам секакви услови. Сепак, добро сте сториле што сте ми испратиле помош сега, кога ми е тешко. Вие во Филипи, добро знаете дека кога заминав од Македонија, во раните денови на проповедањето на Радосната вест, вие бевте единствената црква што ми помагаше, единствените што го делеа со мене и доброто и злото. Кога бев во Солун, не еднаш ми испраќавте помош, кога таа ми беше потребна. Не барам јас подароци. Само сакам вие да добиете заслужена награда заради вашата грижа. Сега, откако Епафродит ми ги предаде даровите што сте ми ги испратиле, имам се што ми треба, дури и повеќе. Тие се како принос за Бог со прекрасна миризба, жртва прифатлива и пријатна за Него. Со сето Негово огромно богатство, преку Исус Христос, мојот Бог изобилно ќе ја задоволи секоја ваша потреба. На нашиот Бог и Татко слава нека Му е довека! Амин. Поздравете ги сите што искрено веруваат во Исус Христос. Тие се свети луѓе. Ве поздравуваат и браќата што се со мене. Ве поздравуваат сите христијани, а посебно оние што работат во дворецот на императорот. Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет и нека биде со вас. Од Павле, избран од Бог да Му биде апостол на Исус Христос, и од нашиот брат по вера Тимотеј, до христијаните во градот Колос, до нашите пријатели, верни следбеници на Христос. Бог, нашиот Татко, нека ви биде благонаклонет и нека ви даде мир. Секогаш кога се молиме за вас, Му благодариме на Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, зашто слушнавме за вашата вера во Исус Христос, и за љубовта што ја имате спрема сите Божји луѓе. Вашата вера и љубов се засновани врз надежта што ја имате за она што е подготвено за вас на небото. За тоа слушнавте од вистинитата порака - од Радосната вест. Таа се проповеда по целиот свет и се шири со голем успех, давајќи плодови како и кај вас, од првиот ден кога ја слушнавте вистината и дознавте колку Бог ни е благонаклонет. Радосната вест ја слушнавте од Епафрас, нашиот драг соработник, човек што верно Му служи на Христос и работи за вас. Тој ни раскажа за вашата голема христијанска љубов што ви ја дал Светиот Дух. Затоа, уште од првиот ден кога слушнавме, не престануваме да се молиме за вас и да бараме од Бог да ви ја открие Неговата волја за вашите животи. Се молиме да ве исполни со секаква мудрост и разбирање на духовните вистини. Така ќе можете да живеете за Господ онака како што прилега и во секој поглед да Му бидете по волја. Секоја добра работа за која ќе се зафатите ќе носи плод и се подобро ќе Го запознавате Бог. Се молиме да добивате сила од Божјата огромна и величествена моќ, за да можете со радост да истрпите и издржите се што ќе ве снајде и да Му оддавате благодарност на небесниот Татко, Кој ви овозможи и вие, заедно со Божјиот свет народ, да добиете дел од наследството во Царството на светлината. Тој не извлече од власта на царството на темнината и не пренесе во Царството на Неговиот сакан Син, Кој ни ја откупи слободата и ни ги прости гревовите. Христос е над се Христос е видлива слика на невидливиот Бог. Тој постоеше уште кога Бог ништо не беше создал. Преку Христос Бог ги создаде сите нешта и на небото и на Земјата: тоа што се гледа и тоа што не се гледа, сите престоли и власти, сите владетели и властодршци, се беше создадено преку Него и за Него. Тој постои пред се и ги одржува сите нешта. Христос е глава на Црквата, која е Негово тело. Тој е Почетокот, прв што воскресна од мртвите, зашто Бог одбра во Него во целост да се всели Божјата природа и преку Него да ги помири со Себе сите, било да се на Земјата, или на небото, воспоставувајќи мир преку Својата крв, пролеана на крстот. Тоа ве вклучува и вас што порано бевте отуѓени од Бог и Му бевте непријатели, и во мислите и на дело. Сега, преку телесната смрт на Неговиот Син, Тој ве помири со Себе. Затоа Христос ќе ве претстави пред Бог како свети, непорочни и беспрекорни. Се разбира, ако докрај продолжите да верувате цврсто и непоколебливо, и не отстапите од надежта што ја дава Радосната вест што ја чувте. Јас, Павле, добив задача од Бог да им ја проповедам таа Радосна вест на сите луѓе под небесниот свод. Страдам, но се радувам, затоа што знам дека вие од тоа ќе имате корист. Мило ми е што со моето телесно страдање и јас придонесувам кон страдањата на Исус за Црквата, која е Негово тело. Бог ми даде задолжение да и служам на Црквата и ме испрати кај вас да ви ја проповедам Неговата порака, во сета нејзина полнота. Со векови оваа порака беше тајна за луѓето, а сега таа им е објаснета на Неговите свети луѓе. Бог го стори ова бидејќи сакаше вие што не сте Евреи да ја разберете таа прекрасна, величествена тајна: дека Христос живее во вас и заради тоа вие со право се надевате дека ќе имате свој удел во Божјата слава. Ние токму за Христос проповедаме и ја употребуваме сета наша мудрост, за да ги предупредиме и поучиме сите луѓе, па сите да станат зрели Христови следбеници. Затоа јас толку напорно работам, користејќи ја силата што Тој ми ја дава. Сакам да знаете низ колкава агонија минувам заради вас, заради христијаните во Лаодикеја и заради сите други христијани што досега не ме имаат ни сретнато. Целта ми е да ги охрабрам, сплотени во љубов целосно да ја разберат Божјата тајна, а тоа е Христос, за да сфатат какво богатство е човек да ја има таа сигурност. Во Христос се кријат сите ризници на Божјата мудрост и знаење! Ви го кажувам ова за да не дозволите никој да ве разубедува и да ве измами. Иако не сум меѓу вас, постојано ве имам во мислите. Мило ми е што гледам дека живеете уредно и дека вашата вера во Христос е цврста. Вие Го прифативте Исус Христос како свој Господ. Продолжете да живеете во послушност спрема Него. Пуштете корени во Него, од Него црпете, за да растете и да се зацврстувате во верата, онака како што ве учевме. Бидете Му бесконечно благодарни на Господ. Не дозволувајте никој да ве заведува со бесмислено филозофирање и со празни лаги, кои произлегуваат од чисто човечки обичаи, од овоземните принципи, а не од Христос, зашто Бог во целост е присутен во Христос во облик на човечко тело, па и вие сте целосни личности, преку сојуз со Него. Тој е Господар над сите сили и власти. Преку духовно обрежување, Христос ја отстрани од вас вашата грешна природа, исто како што при телесното обрежување се отстранува едно делче од телото. Кога се крстивте, вие всушност се погребавте со Христос, а потоа воскреснавте, бидејќи верувавте во Божјата сила што Го воскресна Христос од мртвите. Вие бевте мртви поради гревовите во вас, зашто вашата грешна природа не беше отстранета од вас. Но Бог ве оживеа, заедно со Христос! Тој ни ги прости сите наши гревови. Бог ја избриша обврзницата со нашите долгови, според чии одредби ние бевме должници. Тој ја зеде и ја уништи, приковувајќи ја на Христовиот крст. Така Бог ги разоружа сите зли владетели и власти, и јавно ги посрамоти, поразувајќи ги со Христовата жртва на крстот. Затоа, не дозволувајте никој да ве обвинува за она што го јадете и пиете, за тоа дали ги славите празниците, дали ја славите Младата месечина и саботата. Тие нешта беа само сенка на она вистинското што требаше да дојде, а тоа е Христос. Не дозволувајте да ве тераат да се самопонижувате и да обожавате ангели, дури и ако тврдат дека за тоа добиле виденија. Тие луѓе се прават многу понизни, но нивните грешни умови се полни со суета и горделивост. Тие веќе не се поврзани со Христос, Кој е глава на телото. Тој му дава сила на телото, и преку неговите жили и лигаменти го држи цврсто обединето. Тоа духовно тело може да расте само ако се храни од Бог. Вие умревте со Христос и ослободени сте од начинот на кој живеат световните луѓе. Зошто тогаш дозволувате да ви наметнуваат вакви догми: „Тоа не смее да се фаќа!“, „Тоа не смее да се јаде!“, или „Тоа не смее ни да се допре!“? Тоа се само уредби и учења наметнати од луѓе, а се однесуваат на распадливи нешта, на работи што ги употребуваме. Иако на прв поглед се чини мудро да се придржувате до тие правила, бидејќи повикуваат на побожност, понизност и строгост спрема телото, со нив не можат да се победат грешните телесни страсти. Вие сте воскреснати за да живеете со Христос. Затоа стремете се кон она што е на небото, каде што Христос владее, седнат од Божјата десна страна. Размислувајте за она што е на небото, а не за она што е на Земјата. Вие умревте кога умре Христос, а тоа значи дека вашиот вистински живот е скриен во Христос, кај Бог. А кога ќе се појави Христос, Кој е вашиот вистински живот, тогаш и вие ќе се појавите, закитени со Неговата слава. Затоа, не дозволувајте вашето тело да управува со вас! Умртвете го во вас она што е развратно, гнасно, похотно, зло и алчно. И алчноста е еден вид на идолопоклонство! Ваквите постапки го предизвикуваат Божјиот гнев. Така постапувавте и вие кога вашиот живот беше неуреден. Сега треба да престанете со гнев, омраза и злоба. Престанете да навредувате и да се служите со непристојни зборови. Немојте да лажете. Вие веќе ја соблековте и ја отфрливте вашата стара природа, со нејзините навики, па наместо неа облековте нова природа, која постојано се обновува, колку што подобро Го запознавате Христос, Кој ја создаде новата природа во вас. Не е важно дали сте Грци или Евреи, дали сте обрежани или не, дали сте варвари или Скити, дали сте робови или слободни. Се што е важно е Христос да живее во сите нас! Бог ве сака и ве одбра да бидете Негов свет народ. Затоа, сочувствувајте со луѓето, бидете љубезни спрема нив, бидете скромни, кротки и трпеливи. Толерирајте се, простувајте си кога некој ќе ви згреши. Простувајте си исто како што Господ вам милостиво ви прости. А најважно од се е да бидете исполнети со љубов, зашто меѓусебната љубов сврзува во совршена заедница. Секој од вас е дел од Христовото тело. Треба да бидете сложни и благодарни. Дозволете мирот што доаѓа од Христос да ги води вашите срца. Зборовите на Христос, во сето нивно богатство, нека го исполнуваат вашиот живот. Користете ја сета мудрост што ја имате за да се поучувате и советувате еден со друг. Пејте Му на Бог псалми, химни и духовни песни, пејте Му со благодарност и од се срце. Се што ќе кажете или ќе направите, правете го како претставници на Господ Исус, оддавајќи Му преку Него благодарност на Бог Таткото. Жени, покорувајте им се на вашите сопрузи, како што им прилега на Господови следбенички. Мажи, сакајте си ги вашите сопруги. Не однесувајте се грубо спрема нив. Деца, бидете им во се послушни на вашите родители. Тоа Му причинува задоволство на Господ. Татковци, немојте да постапувате сурово спрема своите деца, за да не им ја уништите волјата. Робови, бидете им послушни на вашите земни господари во се, дури и тогаш кога не ве гледаат. Правете го тоа од се срце, не за да им угодите на луѓето, туку од страхопочит спрема Господ. Се што правите, правете го со сета душа, како да го правите за Господ, а не за луѓето. Имајте на ум дека Му служите на Господ Христос и дека Тој ќе ве награди. А кој постапува лошо, ќе си ги поднесува последиците, бидејќи кај Господ нема пристрасност. Господари, постапувајте чесно и правично со своите робови. Не заборавајте дека и над вас има Господар на небото! Посветете се на молитва, будно и со благодарност. Молете се и за нас, Бог да ни отвори патишта, па Неговата порака да се шири и да се објаснува тајната за Христос. Токму заради тоа сега јас сум в затвор. Молете се пораката да ја објаснувам разбирливо, онака како што треба. Однесувајте се мудро спрема оние што не се христијани и користете ја секоја можност. Зборувајте љубезно, умесно и концизно; давајте му умешен одговор на секој што ќе ви постави прашање. Мојот драг пријател Тихик, кој верно работи со нас и Му служи на Господ, ќе ви раскаже се што ве интересира за мене. Го праќам токму заради тоа, да ви каже како сме и да ве охрабри. Со него ќе дојде и вашиот земјак Онисим, кој е наш верен и многу мил брат по вера. Тие ќе ви раскажат за се што се случува овде. Ве поздравува Аристарх. И тој е в затвор со мене. Ве поздравува и Марко, братучедот на Барнаба. Ако дојде кај вас, прифатете го, како што веќе ви пишавме. Ве поздравува и Исус, меѓу нас познат како Јуст. Овие тројца се единствените христијани од Евреите што работат со мене за Божјото царство. Тие се големо охрабрување за мене. Ве поздравува и вашиот сограѓанин Епафрас, кој сега е во служба на Исус Христос. Тој ревносно се моли за вас, да бидете цврсти, да станете зрели христијани, уверени во целата Божја волја. Јас лично сум сведок колку ревносно се залага тој за вас, како и за христијаните во Лаодикеја и во Хиераполис. Ве поздравуваат нашиот драг лекар Лука и Димас. Поздравете ги сите христијани во Лаодикеја, а посебно Нимфа и членовите на црквата што се собираат во нејзиниот дом. Кога ќе го прочитате ова писмо кај вас, погрижете се да стигне и во Лаодикејската црква, за да го прочитаат и тие, а и вие треба да го прочитате писмото што им го упатив ним. Потсетете го Архип внимателно да ја извршува работата што му ја довери Господ. Сега своерачно ви пишувам: Поздрав од Павле! Не заборавајте дека сум в затвор. Бог нека ви биде благонаклонет. Од Павле, Силван и Тимотеј до членовите на црквата во Солун, до оние што Му припаѓаат на Бог Таткото и на Господ Исус Христос. Бог нека ви биде благонаклонет и нека ви даде мир. Постојано Му заблагодаруваме на Бог за сите вас и секогаш ве спомнуваме во нашите молитви. Си спомнуваме пред Бог, нашиот Татко, како се покажа вашата вера на дело, како работите со љубов и колку трпеливо се надевате на нашиот Господ Исус Христос. Знаеме, драги пријатели, дека Бог вас ве сака и дека ве одбра да бидете Негов народ, затоа што Радосната вест не ви ја проповедавме само преку зборови, туку бевте сведоци на огромна сила: Светиот Дух наполно ве увери дека тоа што ви го говоревме е вистина. Вие знаете како живеевме додека бевме кај вас. Тоа беше дополнителен доказ дека нашата порака е искрена. Вие сега се однесувате онака како што се однесуваме ние и како што се однесува Господ, па, иако многу настрадавте, со радост ја прифативте пораката што доаѓа од Светиот Дух. Така им станавте пример на сите христијани во Македонија и Ахаја. Не само што од вас почна да се шири пораката Господова во Македонија и Ахаја, туку за вашата вера насекаде се раскажува! Нема никаква потреба ние за тоа да зборуваме. Самите луѓе раскажуваат за вас, како сте ги пречекале, како сте се обратиле кон Бог и сте престанале да им служите на идолите, за да Му служите на вистинскиот, на живиот Бог; и како го чекате Неговиот Син Исус да дојде од небото. Него Бог Го воскресна од мртвите и Тој не избави од Божјиот гнев што ќе дојде. Вие, драги мои, знаете дека нашето доаѓање кај вас не беше загубено време. Знаете како настрадавме и како не навредуваа во градот Филипи, пред да дојдеме кај вас. Сепак, Бог ни даде храброст, наспроти силното противење, и вам да ви ја пренесеме Неговата Радосна вест. Тоа што ви го проповедавме не произлегува од заблуда, ниту пак е со нечисти мотиви, или со измами. Зборуваме онака како што Бог бара од нас, зашто Тој не провери и утврди дека може да ни го довери проповедањето на Радосната вест. Затоа ние зборуваме, не со намера да им угодуваме на луѓето, туку да Му угодиме на Бог, на Оној што ги проверува мотивите на нашите срца. Добро знаете дека ние не се обидовме да ве придобиеме со подмилкување. Бог ни е сведок дека не дојдовме кај вас со подмолна алчност за богатење. Не бараме ни признание од луѓето: ниту од вас, ниту од други луѓе. Како апостоли на Христос можевме да ви поставуваме разни барања, но ние многу внимателно се однесувавме со вас, како мајка доилка што со нежност се грижи за своите дечиња. Толку ни станавте мили, толку се приврзавме спрема вас, што бевме решени не само да ви ја пренесеме Божјата Радосна вест, туку и душите свои да ги дадеме за вас. Впрочем, драги пријатели, потсетете се како ние работевме и се трудевме. Ден и ноќ работевме за својата издршка, за да не му бидеме на товар на никого од вас додека ви ја проповедавме Божјата Радосна вест. Вие и Бог сте ни сведоци дека нашето поведение спрема вас христијаните беше искрено, праведно и беспрекорно. Знаете дека спрема секого од вас се однесувавме онака како што татко се однесува спрема своите деца. Ве охрабрувавме, ве утешувавме и ве поттикнувавме да живеете онака како што прилега за Бог, Кој ве повикува да станете дел од Неговото царство и да учествувате во Неговата слава. Постои и друга причина поради која ние постојано Му заблагодаруваме на Бог. Кога ја слушнавте од нас Божјата порака, вие ја прифативте не како порака што доаѓа од луѓе, туку како Божја порака, што таа навистина и е. Таа сега дејствува во вас кои поверувавте. Драги пријатели христијани, вам ви се случија истите нешта што им се случуваат на Божјите цркви во Јудеја и на сите луѓе што Му се верни на Исус Христос. Вие настрадавте од вашите сонародници, исто како што тие страдаа од Евреите, од оние што Го убија Господ Исус, што ги убиваа пророците, од оние што и нас жестоко не прогонуваа. Тие не Му се по волја на Бог. Непријателски се расположени спрема целото човештво. Ни забрануваа да им проповедаме на луѓе што не се Евреи, за да не се спаси и некој што не е Евреин! Со тоа докрај се исполни списокот на нивните гревови. Сега Божјиот гнев конечно дојде и на нивна глава. Драги пријатели! Колку многу ни недостасувате, колку желно сакаме пак да ги видиме вашите лица, иако само кратко време сме одвоени од вас, се разбира физички, но не и во нашите мисли. Сакавме да дојдеме кај вас. Јас, Павле, не еднаш се обидов, но Сатаната не спречи. Конечно, што ни дава надеж и радост, со каков венец ние ќе се гордееме? Тоа сте вие! Кога нашиот Господ Исус повторно ќе дојде, ние со вас ќе се гордееме и ќе се радуваме. Вие сте нашата слава и радост. Веќе не можевме да издржиме. Решивме само ние да останеме во Атина, а кај вас да го пратиме нашиот брат Тимотеј. Тој работи со нас за Бог и ни помага во проповедањето на Радосната вест за Христос. Сакавме тој да ве охрабри и да ја зацврсти вашата вера. Не сакаме никој од вас да се обесхрабри од овие тешкотии. Однапред знаевте дека ќе треба да страдаме. Кога бевме кај вас, ви кажувавме дека ќе минуваме низ неволи. Така и се случи. Затоа јас не можев да чекам повеќе и го испратив Тимотеј да види како се држите, во каква состојба е вашата вера. Страхував Сатаната да не успеал да ве поколеба преку искушенија и да го уништи сето она што ние го постигнавме. Сега Тимотеј се врати од кај вас и ни донесе радосни вести. Ни раскажа дека во вас има и вера и љубов. Ни пренесе дека со радост се сеќавате на нас, и дека и вие копнеете пак да не видите. Така, драги пријатели, и покрај сите маки и страдања низ кои минуваме, вашата вера многу не охрабри. Вашата непоколеблива вера во Господ претставува силен поттик за нас. Како да Му се заблагодариме на Бог за вас? Како да Му возвратиме за сета радост што ни ја причинувате? Деноноќно, од се срце Му се молиме на Бог пак да се сретнеме со вас и да ви помогнеме онаму каде што имате потреба во однос на вашата вера. Се молиме Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос, да ни дозволат пак да дојдеме кај вас. Господ нека ја поттикне љубовта што ја имате еден спрема друг и спрема сите луѓе. Таа љубов нека расте онака како што расте нашата љубов спрема вас. А кога нашиот Господ Исус ќе дојде, заедно со сите Негови следбеници, нека ги направи вашите срца чисти и посветени во очите на Бог, нашиот Татко. Амин. За крај, драги пријатели, сега кога Му припаѓате на Господ Исус, ве молиме и ве повикуваме да живеете богоугодно, онака како што ве учевме. Вие веќе сега живеете така, но трудете се уште повеќе. Потсетувајте се на упатствата што ви ги дававме како на следбеници на Господ Исус. Бог сака вие да бидете свети - да се чувате од блуд. Секој треба да умее да го контролира своето тело, за да биде свето и за почит. Немојте да им робувате на вашите необуздани страсти, како што прават луѓето што не Го познаваат Бога. Во однос на ова прашање, никако не смеете да мамите и искористувате други христијани! Потсетете се, веќе ве предупредивме дека Господ ќе го казни секој што така прави. Бог не ве одбра за да живеете валкан живот, туку за да бидете свети. Секој што не се придржува кон ова, не е непослушен спрема нас, туку спрема Бог, спрема Оној што ни Го дава Својот Свет Дух. Нема потреба да ви пишувам дека треба да се сакате еден со друг. Самиот Бог веќе ве научи како да се сакате, и вие веќе ја покажавте својата љубов спрема сите христијани во цела Македонија. Сакам само да ве охрабрам, драги пријатели, таа љубов кај вас уште повеќе да расте. Трудете се да живеете тивко, да си ја гледате својата работа, да си заработувате за живејачка, како што и ве учевме. Така и тие што не се христијани ќе ве почитуваат, а вие нема да зависите од никого. Драги пријатели христијани, сакаме да знаете што ќе се случи со оние што се починати, за да не тагувате како луѓето што по ова прашање немаат никаква надеж. Ако ние веруваме дека Исус умре и воскресна, веруваме и дека Бог пак ќе ни Го врати, а со Него ќе ги врати и сите што пред да починат верувале во Исус. Ова ни е кажано од Господ. Тој ни рече дека ние што ќе бидеме живи кога Тој повторно ќе дојде, ќе се сретнеме со Него откако Тој претходно ќе ги воскресне починатите. Господ Лично ќе се симне од небото, со силен глас ќе заповеда, со глас на архангел и со труба Божја, и прво ќе воскреснат оние што верувале во Христос пред да починат; потоа ние што сме живи, заедно со нив, ќе бидеме грабнати во облаците, за да се сретнеме со Господ и засекогаш да останеме со Него. Затоа, утешувајте се и охрабрувајте се меѓусебно со овие зборови. Нема потреба да ви пишувам за времето и датумот кога ќе се случи ова. Вие сигурно и самите знаете дека доаѓањето на Господ ќе биде ненадејно, како кога крадец неочекувано упаѓа ноќе. Кога луѓето од овој свет ќе си мислат: „Сега сме мирни и безбедни“, тогаш неочекувано ќе им дојде уништувањето, како кога породилни болки и доаѓаат на жена што треба да роди. Тоа неминовно ќе им се случи. Но вие што сте христијани, не живеете во мрак, па во тој ден нема да бидете непријатно изненадени, како од крадец. Вие и припаѓате на светлината и на денот, а не на темнината и на ноќта. Затоа, да не бидеме заспани, како другите луѓе, туку да бидеме будни и трезвени. Ноќе луѓето спијат, ноќе се опиваат; но ние што му припаѓаме на денот треба да бидеме трезвени. Треба да се вооружиме со вера и љубов. Тие да ни бидат како штитник на градите. Треба да се вооружиме со увереност дека ќе бидеме спасени и тоа да ни биде како шлем на главата. Бог не не одбра за да не казни, туку за да бидеме спасени преку нашиот Господ Исус Христос, Кој умре за нас, за да Му се придружиме и вечно да живееме со Него, без оглед на тоа дали кога Тој ќе се врати ќе бидеме живи, или починати. Затоа, продолжете да се охрабрувате и да се изградувате еден со друг. Драги христијани по црквите, ве молиме да им оддавате признание на оние што вредно работат меѓу вас, што ве водат во Господовото дело и ве поучуваат; искрено да ги почитувате и да ги сакате заради тоа што го работат. Ве молиме да не се карате. Опоменувајте ги мрзливите, охрабрувајте ги малодушните, помагајте им на слабите и имајте трпение со сите. Гледајте никој никому да не враќа зло за зло. Напротив, однесувајте се добро еден спрема друг и спрема сите луѓе. Бидете секогаш радосни, постојано молете се. Што и да ви се случува прифаќајте го со благодарност, зашто така вие што Му припаѓате на Исус Христос ја исполнувате Божјата волја. Немојте да го задушувате дејствувањето на Светиот Дух. Немојте да ги занемарувате пророштвата. Проверувајте се што се проповеда и држете се до тоа што е добро. Држете се настрана од се што е зло. Самиот Бог, Кој е извор на мир, нека ве направи целосно свети и нека го зачува чисто целото ваше битие: духот, душата и телото, се до повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос. На Оној што ве одбра можете да Му верувате. Тој навистина ќе го стори тоа. Драги пријатели христијани, молете се и за нас. Поздравете се меѓусебно со свет бакнеж. Ве задолжувам, во името на Господ, да го прочитате ова писмо пред сите христијани. Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет. Од Павле, Силван и Тимотеј, до членовите на црквата во Солун, до оние што Му припаѓаат на Бог, нашиот Татко, и на Господ Исус Христос. Ви посакуваме Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос да ви бидат благонаклонети и да ви дадат мир. Како што прилега, чувствуваме обврска секогаш да Му благодариме на Бог за вас, драги пријатели христијани, затоа што вашата вера и вашата љубов, еден спрема друг и спрема сите луѓе, постојано расте. Се гордееме со вас пред сите Божји цркви. Им кажуваме колку сте непоколебливи, како вашата вера опстојува и покрај сите прогони и маки низ кои минувате. Тоа покажува дека Бог правилно ве проценил и дека навистина сте достојни да го наследите Божјото царство, за кое и страдате. Бог праведно ќе ги казни оние што ве угнетуваат и мачат, а вам, кои страдате, ќе ви даде починка, како и на сите нас, кога Господ Исус ќе се појави од небото со Своите моќни ангели, со распламтен оган, казнувајќи ги оние што не сакаат да Го признаат Богa и ја отфрлаат Радосната вест на нашиот Господ Исус. Тие ќе бидат казнети со вечно уништување, отстранети од Божјото присуство и од Неговата величествена сила. Ова ќе се случи кога Господ ќе се врати за да Му биде оддадена слава и чест од оние што се Негови, што веруваат во Него. Меѓу нив спаѓате и вие, затоа што поверувавте во она што ви го сведочевме. Вас Бог ве одбра и ние постојано се молиме за вас, Бог да ве направи достојни за тој позив. Се молиме Бог да ви даде сила да ги извршите сите добри дела што посакувате да ги направите и што верата ви налага да ги правите. Така, заради тоа што нашиот Бог и Господ Исус Христос беше толку благонаклонет спрема вас, вие ќе му донесете слава на името на нашиот Господ Исус, а и Тој вам ќе ви донесе слава. Нашиот Господ Исус Христос ќе се врати и ќе не прибере кај Себе. Затоа ве молам, драги пријатели христијани, не дозволувајте лесно да ве поколебаат, ниту да ве вознемират луѓето што тврдат дека Господ веќе се вратил. Тие можеби ќе тврдат дека тоа го дознале преку духовна објава, дека слушнале од некој друг, или дека тоа го прочитале во некое од нашите писма. Не дозволувајте да ве измамат! Тој ден нема да дојде пред луѓето масовно да отпаѓаат од верата и пред да се појави Човекот на гревот и уништувањето. Тој самиот себе ќе се возвишува и ќе се противставува на се што е Божјо и свето. Дури ќе се осмели да седне во Божјиот храм и да тврди дека тој е Бог. Зарем не се сеќавате дека ви го зборував ова додека бев кај вас? Вие знаете што е тоа што го спречува Злиот да се појави, се додека не дојде времето тој да настапи во јавноста. Неговата зла сила веќе подмолно дејствува, но има некој што го задржува и така ќе биде се додека тој не му се тргне од патот. Тогаш Човекот на гревот ќе се појави, а Господ Исус со Својот здив ќе го убие, ќе го уништи при Своето повторно доаѓање. Тој зол човек ќе дојде за да ги изврши делата на Сатаната: со сета своја сила ќе покаже лажни чудотворни знаци. Со своите зли дела ќе успее да ги измами оние што одат по патот кој води во пропаст, зашто одбија да ја засакаат вистината и така да се спасат. Затоа Бог им испраќа една толку уверлива измама, што ќе поверуваат во сите тие лаги. Тогаш сите тие ќе бидат казнети, бидејќи, наместо да поверуваат во вистината, тие уживаа да прават зло. Чувствуваме обврска постојано да Му бидеме благодарни на Бог за вас, драги пријатели христијани, вас што Господ ве засака. Тој ве одбра да се спасите меѓу првите, така што Светиот Дух ве посвети, а вие поверувавте во вистината. Преку нашето проповедање на Радосната вест Бог ве повика да се спасите. Сега можете и вие да се придружите кон славата на нашиот Господ Исус Христос. Затоа, драги пријатели христијани, бидете непоколебливи и држете се цврсто до она што ве учевме лично и преку нашите писма. А сега, нашиот Господ Исус Христос и Бог Таткото, Кој не сака и ни даде трајна утеха и прекрасна надеж со Својата благонаклоност спрема нас, нека ви ги насрчат срцата и нека ви дадат сила постојано да го зборувате и да го правите она што е добро. Понатаму, драги пријатели, молете се за нас. Молете се најнапред учењето за Господ брзо да се шири, па и другите да го почитуваат она што го почитувате вие. Молете се да не паднеме во рацете на лоши и злобни луѓе, зашто сите луѓе немаат вера во Господ. Но, во Господ можете да имате доверба. Тој ќе ви даде сила и ќе ве чува од Злиот. Господ ни дава увереност дека она што ви го наложивме го правите и ќе продолжите да го правите. Се молам Господ да ви ги насочува срцата кон исполнување со љубов, онака како што Бог е полн со љубов, и кон трпеливост, онака како што Христос е трпелив. Сега, драги пријатели христијани, во името на нашиот Господ Исус Христос, ви наложувам да не им се придружувате на оние меѓу вас, кои само денгубат, ништо не работат и не се придржуваат до она што ве учевме. Вие сигурно знаете дека треба да го следите нашиот пример. Додека бевме кај вас, ние не седевме со скрстени раце. Лебот што го јадевме не беше подарок од вас, туку деноноќно напорно работевме, за да не му бидеме никому на товар. Не дека ние не можевме да бараме храна од вас, туку сакавме вам да ви дадеме пример. Уште кога бевме кај вас ви рековме: на оној што не сака да работи, не давајте му ни да јаде! Слушаме дека некои меѓу вас денгубат, ништо не работат и само се плеткаат во тоа што не е нивна работа. Заради нашиот Господ Исус Христос ги молиме тие луѓе и бараме од нив да се средат и да почнат да работат, та сами да се издржуваат. А вам, драги пријатели, што не сте во таа група, никогаш нека не ви биде мачно да правите добри дела. Посочете ги луѓето што не се придржуваат до упатствата што ви ги дадовме во ова писмо. Престанете да се дружите со нив, за да се посрамат. Немојте да ги сметате за свои непријатели, туку советувајте ги како членови на вашето духовно семејство. Господ нека биде секогаш со вас и нека ви дава мир во секакви околности, зашто Самиот Тој е извор на мирот. Како и во сите мои писма, ве поздравувам со своерачен потпис: Павле. Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет на сите. Од Павле, апостол на Исус Христос, назначен по заповед на Бог, нашиот Спасител, и на Христос, нашата надеж: До Тимотеј, кој заради заедничката вера ми е како син. Ти посакувам Бог Таткото и нашиот Господ Исус Христос да ти бидат благонаклонети, да покажат милост спрема тебе и да ти дадат мир. Кога заминував за Македонија те замолив да останеш во Ефес и да предупредиш одредени луѓе таму да престанат да шират изопачени учења, да престанат да си го губат времето со митови и со бескрајни родослови. Со такви нешта само предизвикуваат расправии, а не водат до Божјиот план, кој може да се осознае само преку вера. Целта на нашето предупредување е тамошните христијани да научат да сакаат искрено и од се срце, да имаат чиста совест и искрена вера. Некои учители застранија од ова и се свртеа кон празни мудрувања. Сакаат да бидат учители на Мојсеевиот Закон, а не го разбираат ниту она што го зборуваат, ниту пак она што го тврдат со толкава самоувереност! Ние знаеме дека, ако правилно се применуваат, законите се добри. Но го знаеме и тоа дека законите не постојат за да ги контролираат праведните луѓе, туку да ги одвраќаат престапниците, бунтовниците, безбожниците и грешниците. Тие постојат заради луѓе на кои ништо не им е свето, луѓе што сквернават се што ќе стигнат, убијци што се во состојба да си ги убијат дури и сопствените родители! Законите се напишани заради блудните луѓе, заради полово изопачените, трговците со робови, лажговците и оние што не си ги почитуваат заклетвите. Тие постојат заради сите оние што му се противставуваат на правилното учење што произлегува од величествената Радосна вест која ми ја довери нашиот прекрасен Бог. Благодарен сум Му на нашиот Господ Исус Христос, Кој сметаше дека може да има доверба во мене и ми даде сила да ја вршам оваа работа. Јас зборував навредливи нешта за Него, безобѕирно ги прогонував Неговите следбеници, но Тој се смилува над мене, зашто знаеше дека тоа се случуваше пред да поверувам и не бев свесен што правам. Каква огромна благонаклоност покажа нашиот Господ спрема мене! Целосно ме исполни со вера и љубов каква што има Исус Христос. „Исус Христос дојде на овој свет за да ги спаси грешните.“ Оваа вистина сите треба да ја прифатиме со целосна доверба. Јас сум најголемиот грешник од сите! Но токму заради тоа Бог се смилува над мене и преку мојот пример покажа колку Исус Христос е трпелив со нас грешните. Така и други луѓе ќе сфатат дека и тие можат да поверуваат во Него и да добијат вечен живот. На вечниот Цар, бесмртен и невидлив, на единствениот Бог, да Му оддадеме слава и почит за вечни времиња! Амин. Тимотеј, сине мој, упатствата што ти ги давам се засновани врз пророштвата што претходно се дадени за тебе. Нека те поттикнуваат да се бориш како добар војник, да бидеш верен и да имаш чиста совест. Некои луѓе доживеаја бродолом во својата вера, бидејќи не си ја слушаа совеста. Тоа им се случи на Именеј и на Александар. Тие луѓе му ги препуштив на Сатаната, за да се научат да не зборуваат навредливо за Бог. Како прво, ве поттикнувам да се молите за сите луѓе. Барајте од Бог да им помогне и да ги благослови, а потоа заблагодарувајте Му се за сите нив. Молете се за царевите и за сите што се на власт, за да имаме мирен и тивок живот, исполнет со побожност и достоинство. Ваквите молитви се добри и Бог, нашиот Спасител, ги прифаќа. Тој сака сите да се спасат и да ја сфатат вистината, а тоа е дека постои само еден Бог и постои само Еден што може да посредува меѓу Бог и луѓето: тоа е човекот Исус Христос. Тој го даде Својот живот за да се откупи слобода за секој човек. Бог му ја упати оваа порака на светот во вистинско време. Бог ме одбра да бидам проповедник и апостол на таа Радосна вест. Јас не лажам. Она што ви го зборувам е вистина. Бог ме испрати кај оние што не се Евреи, да ги учам за верата и вистината. Затоа, каде и да се собирате, од мажите барам да креваат чисти раце кон небото и да се молат ослободени од лутина и препирки. Од жените барам да изгледаат скромно. Да се облекуваат едноставно и пристојно. Да не привлекуваат внимание со дотерување на косата, скапи облеки или накит од злато и бисери. Жените што тврдат дека веруваат во Бог треба да привлекуваат внимание со добри дела. Треба да бидат тивки и покорно да примаат поуки. Јас не дозволувам жените да ги учат мажите, или да им заповедаат. Треба да бидат тивки, зашто Бог прво го создаде Адам, а потоа Ева, а и не беше Адам тој што беше измамен, туку жената, која потоа направи грев. Сепак, жените, ако останат верни, ако ја зачуваат љубовта, ако бидат свети и скромни, ќе бидат спасени преку раѓање деца. Точно е дека кога некој сака да биде водач на црква, посакува многу возвишена работа. Затоа, за да биде човек водач на црква мора да биде без пороци, да и биде верен на својата сопруга, да биде воздржан, разумен, со добар углед, гостољубив и способен да поучува. Не смее да се опива, ниту да врши насилства. Треба да биде трпелив, да не е склон кон расправии и да не биде алчен за пари. Треба да биде добар домаќин, а неговите деца треба да го слушаат и да го почитуваат. Ако тој не умее да го води сопственото домаќинство, како тогаш ќе се грижи за Божјата црква!? Тој не смее да биде новообратен, за да не стане горделив и да ја направи истата грешка што ја направи и Ѓаволот. Тој треба да ужива добар углед и кај луѓето што не и припаѓаат на црквата. Во спротивно, тој може да падне во стапицата на Ѓаволот и да се посрамоти. Истото важи и за ѓаконите во црквата. Тие мора да бидат сериозни и чесни луѓе, да не лажат, да не се опиваат и да не бидат алчни за пари. Мора да имаат чиста совест и цврсто да се држат до начелата на христијанската вера кои сега ни се откриени. Пред да бидат назначени за ѓакони, тие треба да се докажат како луѓе без пороци. Исто така и нивните жени треба да бидат сериозни. Не треба да се занимаваат со озборување, не треба да бидат избувливи, туку треба да бидат верни во секој поглед. Секој ѓакон треба да и биде верен на својата сопруга, добро да си ги воспитува децата и добро да го води сопственото домаќинство. Тие што добро ги извршуваат ѓаконските должности во црквата треба да бидат наградени со почит и доверба како верни следбеници на Исус Христос. Се надевам дека набрзо ќе те посетам, но сепак ти го пишувам ова за, ако се забавам, да знаеш како треба да се однесува секој што му припаѓа на Божјото семејство, а тоа е Црквата на Живиот Бог, столбот и темелот на вистината. Без сомнение, тајната на вистинската вера во Бог е величествена: Христос дојде во човечко тело. Светиот Дух потврди дека Тој ја исполни Божјата волја. Ангелите Го видоа. За Него им беше проповедано на народите. Луѓето поверуваа во Него. Тој славно се вознесе на небото. Светиот Дух јасно ни кажува дека во подоцнежните времиња некои луѓе ќе отстапат од вистинската вера. Тие ќе бидат измамени од лажливи духови и ќе се поведат по демонски учења. Нивните учители се лицемери, лажливци чија совест е докрај затапена. Ќе проповедаат дека не треба да се стапува во брак, ќе забрануваат да се јадат одредени видови храна. Храната е од Бог создадена и христијаните, оние што целосно ја знаат вистината, можат со благодарност да ја јадат. Се што е создадено од Бог е добро. Ако се јаде со благодарност, ништо не е забрането. Божјиот збор и молитвата го прават чисто и свето. Ако вака ги поучуваш другите христијани, добро ќе ја извршуваш службата што ти е доверена од Исус Христос. Со тоа ќе покажеш дека и самиот се храниш од пораката на верата и здравото учење што го следиш. Држи се настрана од непристојни и бабини прикаски! Вежбај се да бидеш вистински побожен. Од телесните вежби има одредена полза, но побожноста е многу покорисна. Таа ветува награда и за сегашниот и за идниот живот. Оваа порака е веродостојна и заслужува целосна доверба. Напорно работиме и се бориме, бидејќи се надеваме на Живиот Бог, Кој е Спасител за сите луѓе, а особено за оние што веруваат. На тоа треба да ги упатуваш и поучуваш луѓето. Не дозволувај никој да те потценува поради тоа што си млад. Со тоа што ќе го зборуваш, со твоето поведение, со твојата љубов, вера и чистота, биди им пример на сите христијани. Додека да дојдам кај вас, посвети се на читање на Светото Писмо во црквата, на проповедање и поучување. Не запоставувај го духовниот дар што ти беше даден преку пророштво, со полагање раце од страна на советот на старешините. Извршувај ги овие должности, посвети им се целосно, нека се гледа дека напредуваш. Внимавај како живееш и како поучуваш! Истрај во праведната работа, за да се спасиш и себеси, и оние што те слушаат. Спрема постари луѓе не покажувај грубост, туку обраќај им се како што би му се обратил на сопствениот татко. Спрема тие што се помлади од тебе однесувај се како да ти се браќа. Спрема постарите жени однесувај се како да ти се мајки, а спрема помладите, твојот однос треба да биде чист, како спрема сестри. Грижи се за оние вдовици за кои навистина нема кој друг да се грижи. Ако вдовицата има деца или внуци, тие нека се учат да се грижат за оние што им се семејство, исто како што родителите се грижеле за нив. Нека ја покажат својата побожност најпрво спрема своето семејство. Тоа е она што Бог го бара од нив. Вистинска вдовица е онаа што нема роднини, што верува во Бог, Му се моли дење и ноќе, и бара помош од Него. Онаа вдовица што живее само за задоволства, духовно е мртва уште додека е жива. Пренеси им ги овие упатства, за да не грешат. Христијаните што не се грижат за своите роднини, а посебно за членовите на сопственото семејство, ја омаловажуваат верата! Тие се полоши и од неверниците! Секоја вдовица за која ќе се грижи црквата треба да ги исполнува следниве услови: да има најмалку шеесет години, да му била верна на својот сопруг, да се има докажано со правење добри дела, со одгледување деца, со гостољубивост спрема патници, со понизна услужливост спрема вистинските христијани, со тоа што им помагала на луѓето во невола и секогаш била посветена на правење добри дела. Помлади вдовици не ставај на списокот. Ако телесните страсти ја надвладеат нивната посветеност спрема Христос, тие ќе посакаат повторно да се омажат. Така ќе го прекршат ветувањето што претходно го дале. Освен тоа, тие можат да станат мрзливи и да им стане навика да одат од куќа во куќа. Не само тоа, туку можат да почнат да озборуваат, да прават сплетки и да зборуваат работи што не им прилегаат. Затоа, мој совет е помладите вдовици повторно да се омажат, да раѓаат деца и да се грижат за сопствените семејства. Така противникот ќе нема повод да ги клевети. За жал, некои вдовици веќе скршнаа и му станаа следбенички на Сатаната. Ако некоја христијанка има роднини што се вдовици, нека им помага, а не да ги остава на товар на црквата, која треба да им помага на оние вдовици за кои нема кој да се грижи. Старешините на црквата што добро си ја вршат работата заслужуваат да добиваат двојно поголема плата, посебно ако проповедаат и поучуваат. Така вели и Светото Писмо: „Не врзувајте му ја муцката на добичето што врши жито“, и „Секој што работи, заслужува да добие и плата.“ Ако некој сака да обвини старешина во црквата мора да има најмалку двајца или тројца сведоци. Во спротивно, немој да го слушаш. Оние што грешат, искарај ги јавно, па и другите да извлечат поука. Пред Бог, пред Исус Христос и пред светите ангели, најсериозно те задолжувам да се придржуваш до упатствата што ти ги дадов! Немој да правиш дискриминација и да бидеш пристрастен! Не избрзувај да ракополагаш луѓе за Божја служба! Не соучествувај во туѓи гревови! Чувај се да останеш чист! Не пиј веќе само вода. Пиј по малку и вино, заради твојот стомак и болестите што често те мачат. Казната за гревовите на некои луѓе е очигледна, а кај други гревовите и казната ќе станат очигледни дури по извесно време. Така е и со добрите дела. Некои се очигледни, но и оние што не се нема да останат скриени. Христијаните кои се затекнале како робови треба искрено да ги почитуваат своите господари. Во спротивно, ќе дадат повод да се зборува лошо за Бог и за нашето учење. Оние, пак, чии господари се христијани не треба поради тоа помалку да ги почитуваат. Напротив, треба да им служат најдобро што знаат и умеат, бидејќи со тоа му помагаат на својот брат по вера, што треба да го сакаат. Така треба да ги поучуваш и да ги советуваш. Секој што поучува поинаку, му се противставува на здравото учење на нашиот Господ Исус Христос, кое е основа на побожноста. Таквите учители горделиво се самозалажуваат, а ништо не им е јасно. Имаат нездрава желба да се расправаат, за збор да се фаќаат, а од тоа произлегуваат завист, кавги, навреди, опасна недоверба и постојани расправии. Нивните умови се изопачени и тие не ја разбираат вистината. Мислат дека верата е средство за лично богатење. Да, верата е навистина големо богатство, бидејќи те учи да бидеш задоволен со тоа што го имаш. Со празни раце доаѓаме на овој свет и кога ќе го напуштиме ништо не можеме да понесеме со себе. Ако имаме храна и облека, треба да бидеме задоволни. Оние што сакаат да бидат богати паѓаат во сите можни искушенија и стапици. Стануваат робови на неразумни и опасни страсти што на крајот ќе ги доведат до питачки стап и целосна пропаст. Алчноста за пари е корен на сите зла. Некои луѓе се толку алчни по пари, што дури и од верата скршнаа и си нанесоа многубројни болки. Тимотеј, ти си Божји човек, затоа бегај од тие зла! Труди се да бидеш праведен, побожен, верен, да ги сакаш луѓето, да бидеш трпелив и кроток. Бори се храбро за верата и држи се цврсто за неа, за да добиеш вечен живот. Токму за тоа Бог те одбра и ти веќе пред многу луѓе даде исклучително добро сведоштво! Пред Бог, Кој му дава живот на се што постои, и пред Исус Христос, Кој даде добро сведоштво пред Понтиј Пилат, те задолжувам беспрекорно да се придржуваш до сите заповеди, та никој да не може да ти најде мана, се до повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос. Бог е нашиот единствен Владетел, Цар на царевите и Господар на господарите. Во определеното време Тој пак ќе Го испрати Исус Христос кај нас. Само Бог е бесмртен. Тој живее во светлина во која никој не може да Му пријде! Човечко око не Го видело, ниту може да Го види. Сета почит и власт Му припаѓаат Нему. Амин! Предупреди ги богатите на овој свет да не ги обзема горделивост, ниту да се надеваат на своето богатство што лесно можат да го загубат! Кажи им да се потпрат на Бог, Кој обилно ни дарува се што ни е потребно за да уживаме во животот. Советувај ги да прават добри дела, да помагаат, да бидат дарежливи, решени да го делат со другите луѓе она што го имаат. Така ќе постават солиден темел за својата иднина, ќе се стекнат со вистински живот. Тимотеј, чувај го тоа што ти го доверил Бог! Не учествувај во непристојни и празни разговори, во расправи за она што лажно се нарекува ?знаење‘. Некои луѓе скршнаа од верата, поведувајќи се по такви работи. Бог нека ви биде благонаклонет! Од Павле, апостол на Исус Христос, кој по Божја волја проповеда за животот што Бог го вети преку вера во Исус Христос. До Тимотеј, кој ми е како вистински син. Ти посакувам Бог, Кој е наш Татко, и Исус Христос, Кој е наш Господ, да ти бидат благонаклонети, да покажат милост спрема тебе и да ти дадат мир. Благодарен сум Му на Бог за тебе. Нему Му служам со чиста совест, онака како што Му служеле и моите предци. Постојано те спомнувам во моите молитви и деноноќно Му се молам на Бог за тебе. Се сеќавам како пророни солзи при нашата разделба и копнеам пак да те видам, за повторно да се исполнам со радост. Знам дека имаш искрена вера. Така поверува прво баба ти Лоида, потоа мајка ти Евника, а убеден сум дека и ти веруваш во Господ исто толку искрено. Затоа те потсетувам да го разгоруваш во себе Божјиот дар што го доби кога положив раце врз тебе. Божјиот Дух не создаде од нас плашливци. Напротив, ни даде сила, љубов и самодисциплина. Затоа, немој да се срамиш да им зборуваш на луѓето за нашиот Господ. Немој да се срамиш ни од мене, сега кога сум в затвор поради тоа што проповедам за Господ. Искористи ја силата што ти ја дава Бог и придружи ми се во ширењето на Радосната вест, дури и ако треба заради тоа да поминеш низ страдања. Бог не спаси и не одбра да живееме свет живот, не поради тоа што ние со нашите постапки тоа го заслужуваме, туку затоа што тоа беше Негов план уште пред почетокот на времето - да ни ја искаже Својата благонаклоност преку Исус Христос. Сега, со доаѓањето на нашиот Спасител Исус Христос, тоа ни стана јасно. Од една страна, Тој ја порази смртта, а од друга страна, преку Радосната вест, ни го покажа патот кон вечниот живот. Бог ме постави за проповедник, апостол и учител на Радосната вест. Тоа е причината поради која сега страдам в затвор. Но не се срамам! Јас знам во Кого верувам и убеден сум дека Тој ќе ми го запази она што сум Му го доверил, се до Оној Ден. Придржувај се до здравото учење што го доби од мене, а верноста и љубовта на Исус Христос нека ти бидат пример. Со помош на Светиот Дух, Кој живее во нас, чувај го она што Бог ти го довери. Ти знаеш дека сите христијани што дојдоа овде од Азија, вклучувајќи ги Фигел и Ермоген, ме напуштија. Господ нека го благослови домот на Онисифор. Тој често ме посетува и не се срами поради тоа што сум в затвор. Веднаш штом стигнал во Рим упорно ме барал додека не ме најде. Господ нека му биде посебно благонаклонет во Оној Ден. Вие добро знаете колку многу тој ми помагаше додека бев во Ефес. Тимотеј, сине мој, Исус Христос ти е благонаклонет! Дозволи Му да те направи силен. Она што го слушаше од мене пред многубројни сведоци, пренеси им го на оние луѓе кои заслужуваат таква доверба, луѓе што се способни да поучуваат и други. Како добар војник на Исус Христос издржи го твојот дел од страдањата, како што и јас го издржувам мојот дел. Кога еден војник е на должност не треба да се плетка со цивилни работи. Само така ќе може да го исполни она што од него го бара неговиот претпоставен. Кога еден атлетичар се натпреварува, не може да победи, ако не се придржува до правилата. Земјоделецот што напорно работи треба прв да вкуси од плодовите на својот труд. Размисли за ова и Господ ќе ти помогне овие нешта целосно да ги разбереш! Постојано имај Го на ум Исус Христос! Тој му беше потомок на Давид и воскресна од мртвите. Тоа е Радосната вест што јас ја проповедам. Поради тоа што ја проповедам Радосната вест сега сум в затвор, како да сум злосторник. Но Божјата порака не е окована! Готов сум се да издржам, ако со тоа придонесам оние што Бог ги одбрал да добијат спасение и вечна слава, бидејќи Му припаѓаат на Исус Христос. Вистина е дека: „Ако сме умреле со Христос, со Него и ќе живееме. Ако издржиме, со Него ќе владееме. Ако се откажеме од Него и Тој ќе се откаже од нас. Ако не Му бидеме верни, Тој сепак ќе остане верен, зашто Христос не може да се порекне Самиот Себе.“ Потсетувај ги луѓето на овие работи. Сериозно предупредувај ги во Божјото име да не се фаќаат за збор и од тоа да прават расправии. Од такви расправии ништо добро не може да произлезе. Тие можат само да ги уништат оние што ги слушаат. Труди се да се докажеш пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, зашто правилно ја проповеда вистината. Одбегнувај безбожни и бесмислени расправи. Тие само ги оддалечуваат луѓето од Бог. Таквите учења се како рак-рана што се шири по телото. Именеј и Филет ти се пример за тоа. Скршнаа од вистината. Тврдат дека мртвите веќе воскреснале. Тоа ја поткопа верата кај некои луѓе. Без оглед на тоа, темелот што Бог го има поставено е цврст. Врз него стои напишано: „Господ знае кои луѓе се Негови. Секој што се повикува на Господовото име треба да се откаже од секаков грев.“ Во богатите куќи нема само садови од злато и сребро, туку има и дрвени и глинени садови. Некои се за свечена, а некои за секојдневна употреба. Така е и со луѓето. Ако човек се исчисти, Бог ќе го издвои за посебни задачи и ќе може да го употреби за секаква добра работа. Бегај од искушенија својствени за млади луѓе! Стреми се кон праведност, вера, љубов и мир, заедно со оние што со чисто срце Го повикуваат Господ. Не учествувај во глупави и бесмислени расправии. Тие само доведуваат до кавги. Човек што Му служи на Бог не треба да се кара, туку да биде љубезен спрема сите, да ги поучува, да биде трпелив, кротко да ги поучува оние што и се противставуваат на вистината. Можеби Бог ќе им помогне да се покаат и да ја сфатат вистината. Тогаш ќе си дојдат на себеси и ќе се извлечат од стапицата во која ги има фатено Ѓаволот и ги има натерано да ги извршуваат неговите наредби. Треба да знаеш дека во последните денови ќе настапат многу тешки времиња. Луѓето ќе станат себични, алчни за пари, самољубиви и горделиви. Ќе навредуваат, ќе бидат непослушни спрема родителите, ќе бидат неблагодарни и без светост. Ќе немаат љубов, ни желба да си простуваат; ќе се клеветат еден со друг, ќе немаат самоконтрола, ќе бидат свирепи и ќе му се противат на се што е добро. Ќе станат предавници, безобѕирни и вообразени. Наместо да Го сакаат Бог, на прво место ќе сакаат да уживаат во своите страсти. Навидум ќе изгледаат побожни, но тие ќе ја одбиваат силата што може да ги направи навистина побожни. Држете се понастрана од таквите луѓе! Има меѓу нив и такви што влегуваат по домовите и ги придобиваат оние жени што се робови на гревот и што се раководат од необуздани страсти. Таквите жени постојано се подготвени да слушнат нешто ново, а никако да ја сфатат вистината. Тие луѓе и се противставуваат на вистината онака како што Јанис и Јамврис му се противставија на Мојсеј. Тоа се луѓе со изопачен ум, нивната вера е лажна. Нема далеку да стигнат! Набргу нивното безумие ќе им стане јасно на сите, исто како што се случи и со Јанис и Јамврис. Тимотеј, внимателно слушаше што те поучував и гледаше како живеев. Знаеш што сакам да постигнам и во што верувам. Виде колку сум трпелив и колку ги сакам луѓето. Виде колку можам да истраам. Виде какви прогонства и страдања истрпев во градовите Антиохија, Иконија и Листра. Низ какви се прогони поминав и од сите нив Господ ме избави! Сите што сакаат да живеат побожно и да бидат на страната на Исус Христос ќе бидат прогонувани, а злите луѓе и измамниците ќе стануваат се полоши и полоши. Ќе заведуваат и ќе бидат заведувани. Туку ти остани му верен на она што го научи и со непоколеблива вера го прифати, зашто знаеш кој те учеше. Уште од мал ги познаваш Светите писма, а тие можат да ти дадат мудрост за да го согледаш патот кон спасението, преку вера во Исус Христос. Целото Свето Писмо е од Бога вдахновено. Се што пишува во него може да ни користи за да се поучиме, да ни помогне да се поправиме и да ни покаже како праведно да живееме. Светото Писмо совршено го подготвува секој Божји човек да умее да прави добри дела од секаков вид. Кога Исус Христос ќе дојде да го воспостави Своето царство, Тој ќе им суди на сите - и на живите и на мртвите. Затоа, имајќи ги Бог и Исус Христос за сведоци, со заклетва те задолжувам да ја проповедаш Божјата порака! Прави го тоа ревносно, без оглед на тоа дали моментот е погоден или не. Исправај ги луѓето и укорувај ги за нивните гревови. Трпеливо поучувај ги и охрабрувај ги. Ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат правилното учење. Напротив, за да си најдат оправдување за своите грешни страсти, ќе си повикаат многубројни учители што ќе им го кажуваат она што сакаат да го слушнат. Ќе престанат да ја слушаат вистината и ќе се свртат кон бесмислени митови. Ти, меѓутоа, биди трезвен во секоја ситуација. Издржи ги неправдите. Како проповедник на Радосната вест, изврши ја својата задача докрај. На мојот живот му се гледа крајот. Дојде време да заминам кај Господ. Храбро се борев, ја завршив трката и останав верен. Затоа, за мене е веќе обезбеден венецот на праведноста што Господ ќе ми го даде. Тој суди праведно и во Оној Ден ќе ми даде венец, и мене, и на сите што со нетрпение го чекаат Неговото повторно доаѓање. Потруди се да дојдеш кај мене колку што можеш побргу. Димас толку многу ги сака световните работи, што ме напушти и замина за Солун. Криск замина за Галатија, а Тит за Далмација. Само Лука остана со мене. Доведи го и Марко. Тој ќе ми биде од голема полза во службата. Тихик го пратив во Ефес. Кога ќе дојдеш, донеси ми го и палтото што го оставив во Троада, кај Карп. Донеси ми ги и книгите, а особено пергаментните свитоци. Ковачот Александар ми нанесе многу зло, но Господ ќе му плати за неговите постапки. Чувај се од него! Многу се противи на она што го проповедаме. Кога првпат ме изведоа на суд, никој не дојде да ми биде поткрепа. Сите ме напуштија. Од мене, простено нека им е. Сепак, Господ беше со мене. Ми даде сила да ја проповедам Неговата порака во целата нејзина полнота, па сите народи што не Го познаваат Бог да можат да ја слушнат. Господ ме спаси од сигурната смрт што ме чекаше, ако ме фрлеа кај лавовите. Да, Господ ќе ме чува од секакво зло и безбедно ќе ме доведе во Своето небесно царство. Слава нека Му е за вечни времиња! Амин! Поздрави ги Приска и Акила, како и семејството на Онисифор. Ераст остана во Коринт, а Трофим беше болен и остана во Милет. Потруди се да дојдеш пред зимата. Те поздравуваат Евбул, Пуденс, Линус, Клаудија и сите други христијани. Господ нека биде духовно со тебе и спрема сите вас нека биде благонаклонет. Од Павле, Божји слуга и апостол на Исус Христос. Јас сум испратен да им донесам вера на оние што Бог ги одбра, за да ја запознаат вистината и да живеат побожно. Таа произлегува од надежта дека ќе добиеме вечен живот, како што Бог уште одамна ни вети, а Тој не лаже. Кога дојде вистинското време, Бог, нашиот Спасител, ја објави Својата порака, ми ја довери и ми наложи да им ја проповедам на луѓето. Пишувам до Тит кој, заради тоа што имаме иста вера, ми е како вистински син. Ти посакувам Бог, нашиот Татко, и Исус Христос, нашиот Спасител, да ти бидат благонаклонети и да ти дадат мир. Те оставив во Крит за да го довршиш она што остана недовршено: по сите градови да назначиш водачи во црквите. Како што ти наредив, за да биде некој водач треба да биде без пороци, верен на својата сопруга, ако има деца, тие треба да имаат вера во Бог и да не ги бие глас дека се разуздани и непослушни. Неопходно е оние што се надзорници во црквата, како Божји управители, да немаат пороци, да не бидат самовљубени и избувливи, да не бидат пијаници, зајадливи, ниту да бидат алчни по нечесна заработка. Тие треба да бидат гостољубиви, да го сакаат доброто, да бидат разумни, правични, побожни луѓе што умеат да се контролираат. Мора да се придржуваат до правилното учење. Така ќе можат да им помогнат и на други луѓе, проповедајќи им здраво учење, и ќе можат да ги изнесат на виделина грешките на оние што му се противставуваат на правилното учење. Има многу противници, особено од Евреите, кои се занимаваат со бескорисни расправии и ги мамат луѓето. На таквите треба да им се затнат устите. Со своето погрешно учење тие цели семејства заведуваат, поучувајќи ги на она што не треба, а се од лакомост за пари кои нечесно ги печалат. Еден од нивните пророци, иако и самиот е од Крит, има кажано за нив: „Жителите на Крит се лажливци, зли ѕверови и мрзливи лапачи!“ Многу точно ги опишал! Сериозно да ги искараш, за да и се вратат на здравата вера, да не се раководат од еврејските митови и од заповедите воспоставени од луѓе кои ја изопачуваат вистината. За оној што е во срцето чист, се е чисто. За оние, пак, што се неверни, чии умови се валкани, чија совест е нечиста, за нив ништо не е чисто. Тие тврдат дека Го знаат Бога, но со своите постапки го докажуваат спротивното. Одвратни се, непокорни и неспособни да направат барем нешто добро. Ти поучувај го она што е во согласност со здравото учење. Постарите луѓе советувај ги да бидат трезвени, сериозни и разумни. Тие треба да имаат непоколеблива вера, љубов и трпение. Постарите жени исто така треба да се однесуваат онака како што им прилега на луѓе што веруваат во Господ. Да не озборуваат, ниту да му робуваат на виното. Тие треба да поучуваат на добро поведение, да ги поттикнуваат помладите жени да си ги сакаат мажите и децата, да бидат разумни, чисти, вредни домаќинки, да бидат добри, да им се покоруваат на своите мажи. Во спротивно, ќе станат повод да се зборува лошо за христијанството. Советувај ги и младите мажи да бидат разумни. Биди им пример со своето добро поведение. Кога поучуваш, биди сериозен и искрен. Зборувај умесно и разбирливо, за да не може никој да те прекорува, а секој противник да се засрами, немајќи ништо лошо да каже за тебе. Робовите во се нека им се покоруваат на своите господари, без да се муртат и да противречат. Не смеат да поткраднуваат. Треба да покажат верност и добрина, зашто така ќе придонесат луѓето многу повеќе да го почитуваат учењето на нашиот Спасител и Бог. Бог ни покажа колку ни е благонаклонет со тоа што дојде да ги спаси сите луѓе. Не поучи да се откажеме од безбожниот начин на живеење и од световните похоти, па да почнеме да живееме разумно, праведно и побожно, очекувајќи го тој прекрасен ден на кој се надеваме, кога величествено ќе се врати нашиот Велик Бог и Спасител Исус Христос. Тој се жртвуваше за нас, за да не ослободи од секаков грев и да не направи чисти. Тој сака ние да бидеме Негов народ и од се срце да го правиме она што е добро. Учи ги луѓето на ова, поттикнувај ги, и со целосен авторитет укорувај ги непослушните. Не дозволувај никој да го омаловажува тоа што го проповедаш. Потсетувај ги луѓето да им се покоруваат на властите и управниците и да бидат послушни. Секогаш да бидат подготвени да прават добро. За никого да не зборуваат лошо и да не се караат со луѓето, туку да бидат пријателски настроени и кротки спрема сите. Порано и ние бевме неразумни и непокорни, одевме по погрешниот пат, бевме робови на грешни страсти и на секаков вид телесни задоволства. Бевме злобни, завидливи и исполнети со омраза. Се мразевме еден со друг. Но тогаш Бог, нашиот Спасител, ни покажа колку не сака и колку ни е благонаклонет, кога не спаси, не затоа што со нашите постапки тоа го заслуживме, туку затоа што Тој е милостив. Со силата на Светиот Дух не изми, не прероди и направи од нас нови суштества. Изобилно Го излеа врз нас Светиот Дух, преку нашиот Спасител, Исус Христос. Не оправда, затоа што ни е благонаклонет и сега можеме да се надеваме дека ќе добиеме вечен живот. Ова е веродостојно учење. Те советувам уверливо да ги поучуваш луѓето, па оние што ќе поверуваат во Бог да се стремат кон добри дела, кон работи што ќе бидат полезни за сите луѓе. Одбегнувај расправии околу глупави прашања, не препирај се околу родословијата и Мојсеевиот Закон. Од тоа нема никаква полза; само залудно ќе си го губиш времето. Оние што изопачено ја проповедаат верата, предупреди ги еднаш, двапати, а потоа остави ги. Знаеш дека тие се изопачени и со своите гревови самите си се осудиле. Сакам да го испратам кај тебе Артема или Тихик. Кога еден од нив ќе пристигне, потруди се да дојдеш кај мене во Никополис, зашто имам намера таму да ја поминам зимата. Кога правникот Зена и Аполос ќе решат да си заминат, погрижи се да ги снабдиш со се што им е потребно за на пат. Треба да ги учиме нашите луѓе да не седат со скрстени раце, туку вредно да работат, правејќи добри дела и за други луѓе, кои имаат итни потреби. Те поздравуваат сите што се тука со мене. Поздрави ги сите што не сакаат, оние со кои ја имаме истата вера. Бог нека ви биде благонаклонет на сите. Од Павле, кој е в затвор затоа што проповеда за Исус Христос, и од братот по вера Тимотеј, до нашиот соработник, до нашиот сакан Филемон, до сестра Апија, до нашиот соборец Архипус и до црквата што се собира во твојот дом. Ви посакувам Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос да ви бидат благонаклонети и да ви дадат мир. Филемоне, секогаш кога ќе те спомнам во моите молитви, Му благодарам на Бог за тебе. Слушам за твојата вера во Господ Исус и љубов спрема сите верни. Се молам да имаш успех во споделувањето на верата со другите, па и тие да сфатат какви се благослови Христос ни даде. Љубовта што ја имаш многу ме израдува и ме охрабри. Ги зарадува и срцата на сите Божји луѓе. Христос ми дава смелост да ти заповедам што треба да сториш, но јас, попрво би те замолил да го сториш тоа од љубов. Затоа јас, старецот Павле, затвореник затоа што проповедам за Исус Христос, те молам да му помогнеш на Онисим. Тој ми е како син, бидејќи тука во затворот го доведов кај Христос. Порано тој беше бескорисен за тебе, но сега е многу корисен и за тебе и за мене. Сега го испраќам кај тебе. За срце ми прирасна и би сакал да го задржам кај себе, та во твое име да ми помага сега, кога сум во окови, затоа што ја проповедам Радосната вест, но не сакав ништо да сторам без твоја согласност. Сакав да го сториш тоа од љубов, а не затоа што јас сум те принудил. Можеби токму заради тоа тој за кратко беше одвоен од тебе, за потоа засекогаш да ти се врати, но не веќе како роб, туку како нешто многу повеќе, како драг брат. Мене ми е драг пријател, а тебе сигурно ќе ти биде уште подраг и како личност и како човек што верува во Господ. Ако ме сметаш за пријател, прифати го како што би ме прифатил мене. Ако ти направил некаква штета, или ако нешто ти должи, стави го тоа на моја сметка. Јас, Павле, со своја рака ти пишувам: „Јас ќе ти се оддолжам.“ Нема сега да спомнувам дека и самиот ти си мој должник. Брате мој, направи ми ја таа услуга заради Господ, зарадувај ме заради Христос. Сигурен сум дека ќе сториш се што побарав од тебе, дури и повеќе. Приготви за мене соба, зашто се надевам дека твоите молитви ќе бидат услишани и набргу ќе можам повторно да те посетам. Те поздравува Епафрас. И тој е со мене в затвор, затоа што проповеда за Исус Христос. Те поздравуваат моите соработници Марко, Аристарх, Димас и Лука. Господ Исус Христос нека ти биде благонаклонет и духовно нека биде со тебе. Во минатото Бог преку пророците им говореше на нашите предци по многу поводи и на многу начини. Сега, во овие последни денови, Тој ни проговори преку Својот Син - Исус Христос. Преку Него Бог го создаде светот и Него го определи за наследник на се. Тој го одразува сиот сјај на Божјата слава и точно покажува каков е Бог. Тој ја одржува вселената со Својот моќен збор. Откако умре за да не исчисти од нашите гревови, Христос седна на небото од десната страна на Величествениот Бог. Ова покажува дека Божјиот Син е повозвишен од ангелите, како што е повозвишено и името што Му е дадено, зашто на ниеден ангел Бог не му рекол: „Ти Си Мој Син, денес станав Твој Татко“, и повторно: „Јас ќе Му бидам Татко, а Тој ќе Ми биде Син“. Понатаму, кога Го испрати Својот Првороден Син на светот, Бог рече: „Сите ангели Божји Нему нека Му се поклонат.“ И додека Бог ангелите ги нарекува: „Гласници брзи како ветер, слуги од огнен пламен“, напротив, за Својот Син вели: „Ти Си Бог и вечно ќе владееш како Цар! Твојата царска моќ воспоставува правда. Ти ја сакаш правдата, а го мразиш беззаконието, и затоа Јас, Твојот Бог, Те избрав Тебе и ти определив поголема радост отколку на Твоите придружници.“ А кажано е и следново: „Господе, Ти беше Тој што во почетокот ја создаде Земјата, а и небесата се дело на твоите раце. Тие ќе пропаднат, ќе изветват како стара облека, а Ти ќе останеш. Ќе ги свиткаш како старо палто, ќе избледат како стара облека. А Ти си секогаш ист, Ти никогаш нема да станеш стар.“ На ниеден ангел Бог не му рекол така како што Му рече на Својот Син: „Седни од Мојата десна страна, додека да ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!“ Ангелите се само слуги. Тие се духовни суштества кои Бог ги испраќа да им помагаат на оние што ќе го примат спасението. Затоа треба да обрнеме многу поголемо внимание на вистината што ја чувме, за да не се случи да не ја погодиме целта! Зашто, се покажа дека пораката што им ја даде Бог, преку ангелите, на нашите предци беше вистинита, па за секој прекршок на Божјиот Закон или непослушност луѓето беа праведно казнети. Тогаш, како ќе можеме ние да ја избегнеме казната, ако сме незаинтересирани за ова величествено спасение!? Самиот Господ прв почна да проповеда за ова, а оние што Го слушнаа ни ја пренесоа оваа вистина. Во исто време, Бог ја потврди оваа порака со видливи докази, со извршување чуда, со разновидни моќни дела, и со дарови од Светиот Дух кои ги распределуваше според Својата волја. Знаеме дека идниот свет за кој ние зборуваме, Бог не им го довери на ангелите. Напротив, како што стои запишано некаде во Светото Писмо: „Што е човекот, та да му обрнуваш внимание, и за синот човечки да се грижиш? Само за кратко време го направи помал од ангелите, а потоа со слава и со чест го овенча. Му даде власт над се“. Кога вели: „Му даде власт над се“, значи дека Бог не оставил ништо што не е под Негова власт, иако засега не гледаме дека се Му е потчинето. Но Го гледаме Исуса - Кој иако за кратко време беше на пониско место од ангелите, за да страда и да умре за сите, покажувајќи ни ја Божјата благонаклоност - сега Тој е овенчан со слава и чест! И навистина, Бог, Кој е Творец на се и Кому Му припаѓа се, постапи соодветно, кога преку страдања Го издигна Исуса во совршен водач, зашто Исус на многу Божји чеда им донесе спасение и слава. Сега и Исус, и оние што ги освети, имаат еден ист небесен Татко. Затоа Исус не се срами да ги нарече браќа, кога на Бог Му се обраќа со следниве зборови: „Твоето име меѓу браќата ќе Го проповедам, и сред собранието ќе Те прославувам!“ А го рече и следното: „Во Бога ќе ја положам Својата доверба.“ И потоа: „Еве Ме заедно со чедата што Ми ги даде Бог!“ Бидејќи „чедата“ - како што Тој ги нарече - се луѓе од крв и месо, и самиот Исус стана како нив, со цел преку Својата смрт да го уништи Ѓаволот, кој ја има власта над смртта, и да не ослободи сите нас, кои цел живот живееме како робови на стравот од смртта. Јасно е дека Исус не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авраамовите потомци. Затоа, Тој мораше во се да стане сличен на Своите „браќа“, за да стане нивни верен и милостив Првосвештеник пред Бог. Така можеше да принесе жртва што ќе ги отстрани гревовите на луѓето. Сега, кога и Тој помина низ страдања и искушенија, може да ни помага кога ние минуваме низ искушенија. Свети мои браќа, припадници на небесната покана: погледнете Го Исуса, Кого Бог Го испрати и Го назначи како Првосвештеник на нашата вера! Тој Му беше верен на Бог, Кој Го постави, исто како што Мојсеј верно служеше и му беше доверен целиот Божји дом. Но Исус заслужува поголема слава од Мојсеј, исто како што градителот заслужува поголема почит од градбата. Секоја куќа има свој градител, а Бог е градител на се. Навистина, и Мојсеј беше верен во Божјиот дом, но само како слуга. Неговата работа беше илустрација на вистините што Бог подоцна ќе ги објави. Но Христос е верен Син и затоа Тој го раководи целото Божјо семејство, а тоа семејство сме ние, ако останеме храбри и не ја загубиме нашата надеж во Христос. Затоа, како што вели Светиот Дух: „Ако денес го слушнете Божјиот глас, не стврднувајте ги вашите срца како вашите предци кога кренаа бунт против Бог и Го предизвикуваа во пустината! Таму вашите предци Ме предизвикуваа, иако четириесет години ги гледаа Моите дела! Тогаш се разгневив против тие луѓе и реков: Срцата на овие луѓе им се постојано во заблуди; не ги слушаат упатствата што им ги давам! Затоа, разгневен се заветував, велејќи им: ,Вие нема никогаш да влезете во местото на Моето спокојство!‘ “ Внимавајте, драги пријатели христијани! Не дозволувајте вашите срца да станат зли и да се исполнат со невера, па да отпаднете од Живиот Бог! Напротив, секојдневно, охрабрувајте се еден со друг се додека има време кое може да се нарече ,денес‘, за да не бидете измамени од гревот и да станете нечувствителни. Ако цврсто и докрај веруваме онака како што верувавме на почетокот, ќе имаме удел во се што Му припаѓа на Христос. Не заборавајте го предупредувањето: „Ако денес го слушнете Божјиот глас, не стврднувајте ги вашите срца, како оние Израелци што кренаа бунт против Бога“. Кои беа тие луѓе што го слушнаа Божјиот глас, па се побунија против Него? Зар тоа не беа сите оние што излегоа од Египет под водството на Мојсеј? Кои беа луѓето што го гневеа Бога четириесет години? Зар не беа тоа оние што згрешија, чии тела останаа во пустината? Против кои луѓе Бог се заветува дека тие никогаш нема да влезат во местото на Неговото спокојство? Против оние што беа непослушни! И така, гледаме дека не им беше дозволено да влезат во Неговото спокојство поради тоа што немаа вера. Божјото ветување за влегувањето во местото на Неговото спокојство се уште важи, но постои опасност некој од вас да задоцни да влезе, и тоа е сериозна причина за страв. Зашто и ние ја чувме Радосната вест исто како и тие, но таа порака ним не им беше од никаква полза, бидејќи не поверуваа во тоа што им го порача Бог. Само ние што веруваме ќе влеземе во спокојството што го ветува Бог. За тие што не веруваат Бог рекол: „Разгневен се заколнав: Никогаш нема да влезат во местото на Моето спокојство!“ Бог го рече ова иако Неговото место на спокојство беше подготвено уште од создавањето на светот. По што, всушност, знаеме дека навистина било подготвено уште од самиот почеток? Па Бог во Светото Писмо за седмиот ден вели вака: „Откако ги заврши сите Свои дела, Бог си отпочина во седмиот ден.“ Но на друго место го рече и следново: „Тие никогаш нема да влезат во местото на Моето спокојство!“ Според тоа, Божјото спокојство е отворено за да влегуваат луѓето, но тие што порано ја слушнаа Радосната вест не влегоа, поради непослушност. Затоа Бог повторно определува време кога може да се влезе во Неговото спокојство и тоа време е денес. Бог ова по долго време го објави преку Давид, со веќе претходно цитираните зборови: „Ако денес го слушнете Божјиот глас, не стврднувајте ги вашите срца.“ Ако тоа место на спокојство беше земјата Канаан, каде што Јошуа ги одведе, Бог немаше подоцна да зборува за друго место на спокојство. Според тоа, за Божјиот народ ќе има саботна починка. Зашто оние што ќе влезат во Божјата починка ќе се одморат од своите дела, како што Бог се одмори откако го создаде светот. Затоа треба да се потрудиме да влеземе во тоа место на спокојство, зашто секој што Му е непослушен на Бог, како што беа Израелците, ќе отпадне. Божјата порака е жива и делотворна, поостра и од најостриот меч со две сечила. Таа се пробива длабоко во нас, до нашите најдлабоки мисли и намери, соголувајќи ги и душата и духот во нас. Таа не разоткрива точно онакви какви што навистина сме. Никој не може да се скрие од Бог! Се е докрај соголено и разоткриено пред Неговите очи. Пред Него сите ќе полагаме сметка! Затоа да се држиме непоколебливо до верата што ја исповедаме, бидејќи Го имаме највозвишениот Првосвештеник - Исус, Божјиот Син, Кој отиде на небото! Нашиот Првосвештеник не е некој што не може да сочувствува со нашите слабости; напротив, имаме Првосвештеник Кој беше искушуван во се, како и ние, но Тој не згреши. Затоа, ние треба да пристапуваме кон престолот на Божјата благонаклоност со целосна доверба. Таму ќе добиеме милост и благонаклоност кои ќе ни бидат од голема помош кога ќе затреба. Секој Првосвештеник е човек одбран да ги застапува луѓето пред Бог. Тој ги принесува нивните дарови за Бог и жртвите за нивните гревови. Тој може да биде нежен спрема луѓето, иако тие живеат во незнаење и често застрануваат, бидејќи и самиот е човек и има свои слабости. Поради своите слабости, тој мора да принесува жртви не само за гревовите на народот, туку и за сопствените гревови. Но никој не може да стане Првосвештеник само затоа што сака да има таква чест. Тој мора да биде повикан од Бога, како што беше повикан и Арон. Така беше и со Христос. Тој не си ја додели Самиот на Себе честа да биде Првосвештеник, туку Бог Му рече: „Ти си Мојот Син, денес Јас станав Твој Татко!“ А на друго место Бог за Него вели: „Ти си вечен Свештеник, според редот на Мелхиседек!“ За време на Својот живот на Земјата Исус ги изнесуваше Своите молитви и молби низ гласен плач и низ солзи, упатени до Бог, Кој можеше да Го спаси од смрт. Молитвите Му беа услишани, заради почитта што Тој ја искажуваше спрема Бог. Иако Исус беше Божји Син, сепак, преку лични страдања мораше да дознае што значи да се биде послушен. На тој начин Исус стана совршен Првосвештеник и извор на вечно спасение за сите што Нему Му се послушни. Затоа Бог Го одреди за Првосвештеник од редот на Мелхиседек. Толку многу работи имаме да ви зборуваме за ова, но се чини дека вам слушањето тешко ви паѓа и затоа слабо разбирате. Веќе долго време сте христијани и досега требаше вие да подучувате други луѓе. Наместо тоа се уште некој треба вас да ве учи на првите лекции од Божјата порака. Уште сте како бебиња што можат да пијат само млеко и не можат да јадат тврда храна. А тој што се храни само со млеко, во духовниот живот, се уште е дете и не умее да постапува праведно. Тврдата храна е за зрелите, за оние што со постојана практика го имаат извежбано чувството да го разликуваат правилното од погрешното, и го извршуваат правилното. Затоа, да ги надминеме веќе еднаш основите на христијанското учење и да се стремиме кон духовно созревање. Нема потреба повторно да ги поставуваме темелите за обраќање од мртвите дела, за верата во Бог, за крштавањето, за полагањето раце, за воскресението на мртвите и за Вечниот суд. Ајде да напредуваме, со Божја помош! Зашто, за луѓето кои еднаш веќе биле просветлени и вкусиле од небесниот дар, се придружиле кон делото на Светиот Дух, ја вкусиле добрината на Божјата порака и силата на идниот свет, а потоа Му го свртеле грбот на Бог, нема можност одново да се покајуваат. Таквите луѓе одново Го распнуваат Божјиот Син и јавно Го срамотат! Ако почвата, откако ќе го впие дождот што често врне врз неа, му роди добра жетва на оној што ја обработува, таа ќе биде благословена од Бог. Но ако раѓа само трње и боцки, таа е бескорисна и Бог наскоро ќе ја проколне и ќе ја запали! Но, иако зборуваме вака, драги мои, ние сепак веруваме дека ова не се однесува на вас. Уверени сме дека вас ве очекува нешто многу подобро, нешто што доаѓа со спасението. Бог не е несправедлив и нема да заборави колку напорно работевте за Него, колку љубов покажавте спрема Него, помагајќи им на другите христијани и порано, а и сега. Нашата искрена желба е секој од вас да истрае докрај во својата ревност. Така ќе можете да бидете сигурни дека вашата надеж навистина и ќе се исполни. Само така нема да станете духовно мрзливи, туку ќе го следите примерот на оние што имаат вера и трпение преку кои го наследуваат она што Бог им го вети. Така, на пример, кога Бог му го даде Своето ветување на Авраам, Тој се заколна дека ќе го исполни тоа што го ветува, и бидејќи нема ништо поголемо од Бога, Тој се заколна во Самиот Себе, и му рече: „Јас, Господ, ти ветувам дека изобилно ќе те благословам и ќе ти дадам многубројни потомци!“ Авраам беше стрплив и го доби она што Бог му го вети. Кога луѓето имаат меѓусебни расправии, тие се заколнуваат во нешто поголемо од себе. Така и Бог, сакајќи да не увери дека целосно ќе се исполнат Неговите ветувања спрема оние на кои тие им се наменети, кон Своето ветување додаде и заклетва. Бог не може да лаже! Овие две работи - Неговото ветување и заклетвата - се непроменливи и затоа, за нас што сме нашле прибежиште кај Него, тоа претставува големо охрабрување, бидејќи ние со доверба очекуваме да го добиеме тоа на што се надеваме. Таа надеж е цврста котва за нашите души и не води преку завесата во Божјото најсвето место, таму, каде што веќе влезе Исус заради нас и стана наш вечен Првосвештеник од редот на Мелхиседек. Мелхиседек беше цар на градот Шалем, а и свештеник на Севишниот Бог. Кога Авраам се враќаше од битката во која порази многу цареви, тој му излезе во пресрет и го благослови. Тогаш Авраам зеде една десетина од се што заплени во битката и му го даде на Мелхиседек. Името Мелхиседек значи „Цар на правдата“. Но бидејќи „шалем“ значи „мир“, тој е значи и „Цар на мирот“. Нам не ни е кажано дека тој имал татко, мајка или родословје, ниту почеток или крај на неговиот живот. По тоа е сличен на Божјиот Син и засекогаш останува свештеник. Гледате колку бил голем Мелхиседек! Дури и нашиот славен предок Авраам му даде една десетина од највредното што го беше запленил во битката. На свештениците, потомците на Левиј, им е заповедано во Мојсеевиот Закон да собираат десеток од народот, иако тие им се роднини, односно, потомци од Авраам. Мелхиседек не беше потомок на Левиј, па сепак зеде десеток од Авраам. Потоа Мелхиседек го благослови Авраама, на кого веќе му беше дадено Божјото ветување. А нема никакво сомневање дека оној што благословува е поголем од оној што го прима благословот. Во случајот со свештениците, десетокот им се дава на смртници, а Мелхиседек е поголем од нив бидејќи ни е пренесено дека тој е вечно жив. Иако сега потомците на Левиј се тие што земаат десеток, може да се каже дека и тие му платија десеток на Мелхиседек, преку својот предок Авраам, бидејќи Левиј, иако уште не беше роден, може да се рече дека беше во телото на Авраам при неговата средба со Мелхиседек. Законот што му беше даден на израелскиот народ се потпираше врз Левитското свештенство. Но да можеа потомците на Левиј да ја исполнат Божјата совршена намера, немаше да има потреба Бог да праќа друг Свештеник од редот на Мелхиседек, а не од родот на Арон. А штом се менува свештенството, се појавува потреба да се промени и законот. Ова се однесува на нашиот Господ Исус Христос. Тој произлезе од племе од кое никој никогаш не бил свештеник на жртвеникот. Познато е дека нашиот Господ произлезе од племето на Јуда, а Мојсеј никогаш не го спомнал тоа племе во врска со свештенството. Да го кажеме ова уште појасно: се појави друг Свештеник, Кој е како Мелхиседек. Тој стана Свештеник, не затоа што му беше потомок на Левиј, како што бараше стариот Закон, туку преку силата на животот во Него што не може да се уништи. Светото Писмо за Него вели: „Ти си вечен Свештеник, од редот на Мелхиседек“ Со тоа се укинува старото правило за свештенството, бидејќи беше слабо и бескорисно, зашто Мојсеевиот Закон не е во состојба да направи ништо совршено. Наместо тоа, ни се дава многу подобра надеж, што може да не приближи до Бог. Бог се заколна дека Христос засекогаш ќе биде Свештеник, а таква заклетва од страна на Бог немаше при назначувањето на ниту еден друг свештеник. Само Исус стана Свештеник со Божја заклетва, кога Бог рече: „Јас, Господ, ти се заколнувам и никогаш нема да се премислам: ,Ти вечно ќе бидеш Свештеник!‘“ Тоа значи дека заради Божјата заклетва Исус ни гарантира подобар Завет со Бог! Други свештеници имаше многу, бидејќи смртта ги спречуваше вечно да останат на таа служба. Но Исус нема да умре и затоа Тој вечно останува Свештеник. Затоа Тој може еднаш засекогаш да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кај Бог. Тој е вечно жив и се застапува пред Бог за нив. Токму таков Првосвештеник и ни требаше. Исус е свет, невин и безгрешен - поинаков од грешниците и возвишен над небото! Тој не мора секојдневно да принесува жртви, како другите Првосвештеници. Тие принесуваа жртви прво за своите гревови, а потоа за гревовите на народот. Тој го стори тоа еднаш засекогаш, кога Себеси се принесе како жртва на крстот. Тие што беа Првосвештеници под Мојсеевиот Закон, беа ограничени од своите човечки слабости. Откако мина времето на тој Закон, Бог со заклетва Го постави Својот Син за совршен и вечен Првосвештеник. Најважното во ова излагање е дека нашиот Првосвештеник седи на најпочесното место на небото, од десната страна на Бог. Таму Тој служи во Најсветото место, во вистинското светилиште изградено од Господ, а не од човечка рака. Бидејќи секој свештеник треба да принесува дарови и жртви, така и нашиот Првосвештеник мора да има нешто да принесе. Да беше Тој на Земјата немаше ни да биде свештеник, зашто овде има други свештеници кои принесуваат дарови, какви што бара Мојсеевиот Закон. Но светилиштето во кое тие служат е само копија и сенка на она вистинското, кое е на небото. Кога Мојсеј се подготвуваше да го изгради светилиштето, Бог го предупреди: „Внимавај да го направиш точно според моделот што ти беше покажан овде на гората!“ А на нашиот Првосвештеник, Христос, Му беше доверена многу повозвишена служба од службата на оние што служат под старите закони, затоа што Тој гарантира за нас подобар завет со Бог, кој почива врз повозвишени ветувања. Ако првиот завет беше беспрекорен, немаше да има потреба да биде заменет со втор завет. Бог лично не беше задоволен од народот, па рече: „Ќе дојде ден кога со израелскиот и со јудејскиот народ ќе склучам нов завет, поинаков од заветот што го бев склучил со нивните предци, кога водејќи ги за рака ги изведов од Египет. Тие го прекршија Мојот завет, па затоа и Јас им го свртев грбот. Ова е новиот завет што јас ќе го склучам со израелскиот народ во тој ден: Јас, Господ, ќе ги ставам Моите закони во нивните умови и ќе ги запишам во нивните срца. Јас ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ. Никој од нив повеќе не ќе треба да го учи соседот свој или братот свој, велејќи му: ,Треба да Го запознаеш Господ‘, зашто сите ќе Ме познаваат, од мало до големо. Ќе им ги простам нивните престапи и никогаш повеќе нема да ги спомнувам нивните гревови!“ Кога Господ зборува за Нов завет, тоа значи дека претходниот го прогласува за застарен. А се што е застарено и бескорисно набргу ќе исчезне! Секако, и во првиот Завет меѓу Бог и Израел имаше одредби што се однесуваа на богослужењето и на Светилиштето, овде на Земјава. Светилиштето, всушност, беше шатор со две простории. Во првата просторија која се нарекуваше Свето место се наоѓаа свеќникот и масата со посветените лебови. Потоа имаше завеса, а зад завесата се наоѓаше Најсветото Место, во кое беа сместени златниот жртвеник за кадење и Ковчегот на Заветот, обложен со злато од сите страни. Во ковчегот се чуваа: еден златен сад во кој имаше малку мана, стапот на Арон, што беше пуштил листови и камените плочи на кои беа запишани Десетте заповеди. Над ковчегот се надвиснуваа славни херувими со раширени крилја над местото за помирување. Но сега не е време за ова детално да се зборува. Откако сите овие работи беа поставени како што треба, свештениците секојдневно влегуваа во надворешниот дел на Шаторот, за да ги извршуваат богослужбените активности. Но во внатрешниот дел на Шаторот можеше да влегува само Првосвештеникот, и тоа само еднаш годишно. При секое влегување тој принесуваше крв, за да ги покрие своите сопствени гревови и гревовите на народот, извршени поради незнаење. Преку овие правила, Светиот Дух ни открива дека се додека постоеше првиот Шатор и целиот религиозен систем што тој го претставува, патот за влегување во Најсветото место за нас обичните луѓе не беше отворен. Тоа е сликовит приказ на денешното време, бидејќи приносите и жртвите што Му се принесуваат на Бог, не можат да им ја смират совеста на тие што ги принесуваат. Овие обреди се однесуваат само на храна, пијалак и разни обреди на исчистување, кои беа поставени до времето кога Бог воведе нов ред. Но кога Христос дојде како Првосвештеник на добри нешта кои сега ни пристигнаа, Тој влезе во многу повозвишено и посовршено Светилиште, кое не е изградено од човечка рака и не е дел од овој создаден свет. Христос принесе крв во Најсветото место еднаш засекогаш, но не крв од јарци и јунци, туку ја принесе сопствената крв и на тој начин засекогаш го обезбеди нашето спасение. Ако според строгиот религиозен систем луѓето телесно „се исчистуваа“ попрскувајќи се со крв на јарци и бикови и со пепел од јуници, колку повеќе, тогаш, може да постигне крвта на Христос! Преку вечниот Дух, Тој се принесе Себеси како совршена жртва пред Бог. Неговата крв ја исчистува нашата совест од дела што водат во смрт, за да Му служиме на живиот Бог! Христос умре за да ги ослободи од казната оние што згрешија и го прекршија Стариот завет. Така Тој стана Посредник меѓу Бог и луѓето на еден нов завет преку кој сите што се повикани од Бог ќе го примат вечното наследство што Бог им го вети. Ваквиот завет, всушност, е тестамент: тој стапува на сила само откако ќе умре тој што го напишал. Се додека е живо лицето што го остава тестаментот, тој не може да се користи. Тестаментот стапува на сила дури откако ќе умре оној што го остава. Затоа и првиот Завет беше воспоставен со употреба на крв како доказ за смрт. Откако Мојсеј им ги пренесе на луѓето сите Божји закони, зеде крв од бикови и јарци, ја помеша со вода, па ги попрска книгата на Божјите закони и сите луѓе, употребувајќи гранче од исоп и црвена волна. Потоа им рече: „Оваа крв го потврдува заветот што Бог го склучи со вас“. Потоа Мојсеј ги попрска со крв и Светилиштето и сите предмети што се употребуваа за богослужба. Всушност, според Мојсеевиот Закон, се се исчистува преку попрскување со крв; и без пролевање на крв нема простување на гревовите. Овие работи беа само слики на небесните оригинали и затоа мораа да се осветуваат преку вакви обреди. Но она што е на небото треба да се исчистува со жртви што се далеку подобри од обична животинска крв. Затоа Христос не влезе во Светилиштето изградено од луѓе, кое беше само копија на вистинското, туку влезе во самото небо, каде што сега се застапува за нас пред Бог. За разлика од Првосвештеникот, кој со туѓа крв секоја година влегуваше во Најсветото место, Христос не влезе во небото за да се принесува Себеси повеќепати! Да беше тоа неопходно, Тој ќе требаше да умира многупати од создавањето на светот наваму! Наместо тоа, кон крајот на времето, Тој дојде еднаш засекогаш, за вечно да му ја одземе моќта на гревот, принесувајќи се Себеси како жртва. Исто како што на луѓето им е определено само еднаш да умрат, а потоа доаѓа судот, така и Христос само еднаш се принесе Себеси како жртва, за да ги искупи гревовите на мнозина. Тој ќе дојде и вторпат, но не во врска со нашите гревови, туку за да им донесе спасение на оние што желно Го очекуваат. Мојсеевиот Закон беше само сенка на она што доаѓа, а не суштина на сите добри нешта што Христос ги направи за нас. Со години Му ги принесуваа на Бог жртвите пропишани со Мојсеевиот Закон, но тие што ги принесуваа не можеа да се исчистат. Ако тие што Му служеа на Бог успееја еднаш засекогаш да се исчистат од гревот, и нивната совест повеќе немаше да ги обвинува, и тогаш принесувањето жртви би престанало. Напротив, тоа што секоја година принесуваа жртви само ги потсетуваше на нивните гревови. Тоа е поради тоа што крвта од бикови и јарци не може да ги исчисти гревовите. Затоа, кога Христос дојде на овој свет, Му рече на Бог: „Ти не посака животински жртви ни приноси од жито, туку Ми даде тело, за да ти се покорувам. Не, Ти не се задоволуваш со жртви паленици и со приноси за грев! Тогаш реков: ,Еве Ме Боже, доаѓам да ја извршам Твојата волја, како што е претскажано за Мене во Светото Писмо.‘“ Значи, Христос прво рече: „Ти, Боже, не посака и не ти беа угодни ни животински жртви ни приноси од жито, ни животни спалени на жртвеник, ни жртви за искупување од грев“, иако според Мојсеевиот Закон тие беа неопходни. Потоа додаде: „Еве, доаѓам да ја извршам Твојата волја.“ Со тоа Христос го укинува првиот Завет, за да воспостави нов. Поради таквата цврста решителност од страна на Христос - Тој да се жртвува за нас еднаш засекогаш - ние сега сме исчистени од гревот. Секој друг свештеник секојдневно врши богослужба и одново принесува жртви што никогаш не можат да исчистат од гревови. А Христос принесе само една жртва, која има вечна вредност, и потоа седна на почесно место, од десната страна на Бог. Таму ќе остане се додека Неговите непријатели не бидат покорени под Неговите стапала. Значи, Тој само со една жртва, вечно ги усоврши оние што ги посвети. За ова ни сведочи и Светиот Дух. Прво вели: „Кога ќе дојде време, со Мојот народ ќе воспоставам ваков Завет: Моите закони ќе ги ставам во нивните срца, па ќе ги разберат, и ќе ги впишам во нивните умови, па ќе им се покоруваат, а нивните гревови и беззаконија нема веќе ни да ги спомнам.“ Штом гревовите се простени, веќе нема потреба од принесување жртви. Повик на верност спрема Новиот завет Според тоа, драги пријатели христијани, ние сега можеме смело да влеземе во Најсветото место. Тоа ни го овозможи жртвата на Исус. Тоа е тој нов пат, пат што дава живот, пат што го проби Христос за нас низ преградната завеса со тоа што во тело Тој умре за нас. Затоа, сега кога имаме Првосвештеник Кој управува со Божјиот Дом, да дојдеме пред Бог со искрени срца и со целосна доверба. Нашата опоганета совест е попрскана со Христовата крв и сега е чиста, нашите тела се измиени со чиста вода. Да се држиме цврсто и без колебање за надежта што велиме дека ја имаме, бидејќи можеме да имаме целосна доверба дека Бог ќе го исполни ветувањето што ни го даде. Да размислуваме како еден со друг да се поттикнуваме на љубов и добри дела. Да не изостануваме од нашите заеднички богослужби, како што некои тоа имаат обичај да го прават, туку напротив, да се охрабруваме едни со други, особено сега кога гледате дека се приближува денот на враќањето на нашиот Господ! Ако продолжиме намерно да грешиме, откако сме биле запознати со вистината, нема веќе друга жртва што може да ги покрие нашите гревови. Во таков случај нема што друго да се очекува освен Божјиот страшен суд и распламтениот оган што ќе ги проголта Неговите противници. Ако двајца или тројца сведоци потврделе дека некој одбил да го спроведе Мојсеевиот Закон, тој безмилосно бил погубуван. Што мислите, колку потешка ќе биде казната за оној што ќе Го омаловажи Божјиот Син, ќе ја смета крвта на заветот, која го исчистила од грев, за нешто обично и несвето и ќе Го навреди Светиот Дух Кој ни ја дарува Божјата благонаклоност!? Зашто знаеме дека Оној што рекол: „Јас ќе се одмаздам, Јас ќе им платам на тие што заслужиле“, рекол и: „Господ ќе му суди на Својот народ!“ Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог! Присетете се на минатото, кога штотуку бевте просветлени, а веќе поднесувавте зачестени напади и страдања! Понекогаш бевте изложени на јавен потсмев, на навреди и прогони, а понекогаш им помагавте на тие што минуваа низ таквите страдања. Сочувствувавте со оние што лежеа в затвор, а кога ви ги одзедоа вашите имоти, тоа го прифативте со радост, зашто знаете дека во вечноста ве очекуваат многу подобри нешта. Затоа, не отфрлајте ја таа доверба во Господ. Не заборавајте каква голема награда носи таа. Она што сега ви треба е трпение, за да продолжите да ја извршувате Божјата волја. Така ќе го добиете сето она што ви беше ветено. Зашто, ,многу бргу, Оној што треба да дојде, ќе дојде и нема да задоцни. Тие што ќе бидат праведни, преку вера ќе живеат, а со тие што ќе Ми свртат грб, нема да бидам задоволен.‘ Но ние не сме од оние што Му вртат грб на Бог и си ја запечатуваат пропаста. Ние имаме вера што ни дава сигурност дека ќе се спасиме. Што е вера? Тоа е сигурност дека она на што се надеваме навистина и ќе се случи. Вера е увереност во нешто што не си го видел. Бог со одобрување гледаше на нашите предци токму поради нивната вера. Преку вера разбираме дека целата вселена била создадена преку Божјиот Збор, така што се што е видливо настанало од она што било невидливо. Авел имаше вера во Бог и затоа неговата жртва беше подобра од онаа на Каин. Бог ја прифати неговата жртва и со тоа покажа дека Авел е праведен. Иако Авел е веќе одамна мртов, неговата вера продолжува да зборува. Енох имаше вера во Бог и затоа не доживеа смрт: „одеднаш тој исчезна, бидејќи Бог го зеде“. Но пред Бог да го земе, Енох доби уверување дека му беше угоден на Бог. А без вера не е можно да Му бидеме угодни на Бог. Секој што сака да дојде кај Бог, мора да верува дека Тој постои и дека ги наградува оние што искрено Го бараат. Ное имаше вера во Бог и затоа Тој го предупреди за она што се уште не се беше случило. Тој со побожна почит изгради ковчег за да го спаси своето семејство. На тој начин, светот беше осуден, а Ное поради својата вера беше оправдан во Божјите очи. Авраам имаше вера и затоа кога Бог го повика да замине од својата татковина во земјата која му беше ветена како наследство, тој Го послуша. Авраам тргна, иако не знаеше каде оди. Преку вера тој се досели во земјата која Бог му ја вети и живееше во шатори како туѓинец. Така живееја и Исак и Јаков, на кои Бог им го даде истото ветување. Авраам постапи така, зашто тој очекуваше град со вечни темели, чиј архитект и градител е Бог. И Сара имаше вера и затоа доби способност да зачне, иако беше неротка и во поодминати години. Таа Му веруваше на Оној што и беше ветил. Иако Авраам беше близу до умирачка, од овој единствен човек произлегоа толку потомци, колку што има ѕвезди на небото и неброени зрнца песок на морскиот брег. Сите овие луѓе се сега умрени, но тие имаа вера, иако не го дочекаа она што им беше ветено, туку само оддалеку го видоа и го поздравија, истовремено признавајќи дека се само странци и привремени жители на Земјата. А луѓе што така зборуваат покажуваат дека бараат место што ќе им биде татковина. И не сметаа дека тоа е земјата од која произлегоа, зашто да мислеа така ќе најдеа начин таму да се вратат. Напротив, тие копнееја за многу подобрата небесна татковина. И затоа Бог не се срами да биде наречен нивни Бог. Тој дури и град им изгради на небото! И Авраам имаше вера во Бог и затоа, кога беше ставен на тест, го понуди својот син Исак како жртва. А токму на Авраам, кој беше готов да го жртвува својот син единец, Бог му беше ветил: „Од Исак ќе произлезе твоето потомство!“ Авраам беше уверен дека Бог може и мртви да оживува, па во извесна смисла како да го доби својот син оживеан од мртвите. Исак имаше вера во Бог и им вети благослови на Јаков и на Исав дури и за во иднина. Јаков имаше вера во Бог и, пред да умре, ги благослови синовите на Јосиф. Потпрен на својот бастун, тој понизно се поклони. Јосиф веруваше дека Бог ќе ги изведе Израелците од египетското ропство и, пред да умре, тој порача да му бидат изнесени и коските, кога ќе си заминат од Египет. Родителите на Мојсеј имаа вера во Бог кога три месеци го криеја. Тие видоа дека детето е убаво и не се плашеа од заповедта на фараонот. Кога Мојсеј порасна, тој имаше вера во Бог и затоа одби да биде прогласен за син на фараоновата ќерка. Тој претпочиташе да страда заедно со Божјиот народ, наместо кусотрајно да ужива во грешните задоволства. Тој сфати дека е повредно да претрпи понижување заради Месијата, отколку да ги добие сите богатства на Египет; затоа, погледот му беше вперен кон идната награда од Бог. Мојсеј имаше вера во Бог кога го напушти Египет и не се исплаши од царскиот гнев. Остана непоколеблив, како да Го гледаше Невидливиот Бог. Тој имаше вера кога ја заповеда Пасхалната вечера и попрскувањето со крв, за да не бидат убиени нивните првороденчиња од страна на ангелот на смртта. Израелскиот народ имаше вера во Бог кога мина преку Црвеното Море како преку сува земја, додека при истиот обид, Египќаните се удавија. Израелците имаа вера во Бог кога седум дена ги обиколуваа ѕидините на Јерихо, додека тие не се урнаа. И блудницата Рахава имаше вера кога ги прибра израелските извидници и затоа не беше погубена заедно со оние што не Му веруваа на Бог. Треба ли уште да кажувам? Не би имал доволно време да расправам и за Гидеон, за Барак, за Самсон, за Јифтах, за Давид, за Самуил и за сите пророци. Тие имаа вера во Бог и преку неа победуваа царства; и бидејќи постапуваа праведно, го добија она што Бог им го вети. Тие и лавовски усти затвораа, пламени јазици згаснуваа, од меч се избавуваа ... Иако беа немоќни, добиваа сила и моќ пред кои бегаа непријателските војски. Некои жени доживеаја да им воскреснат починатите. Многу од нив беа мачени, одбивајќи да се откажат од верата во Бог и да бидат ослободени, зашто беа уверени дека ќе им биде подобро со воскреснатите. Други беа исмејувани, тепани и во окови затворани. Некои беа до смрт каменувани или со пили пресекувани или со меч погубувани. Некои од нив имаа само кожувчиња од овча или јарешка кожа и беа принудени да живеат како да се скитници. Беа сиромашни, измачени и малтретирани. Светот не ги заслужуваше овие добри луѓе, кои беа принудени да живеат во пустини, во шуми, во пештери и во јами. Сите овие луѓе, благодарение на верата во Бога што ја имаа, станаа пример за пофалба; па сепак, не доживеаја да го примат она што им беше ветено. Се заради тоа што Бог чуваше нешто подобро за нас и не сакаше тие да стигнат на целта без нас. Околу нас има толку многу сведоци! Затоа ние треба да го отфрлиме сето бреме што не задржува на патот, а особено гревот, што толку лесно може да не заведе. Истрајно треба да ја трчаме трката која Бог ни ја определи. Погледот треба да ни е вперен во Исус, зашто врз Него се темели нашата вера од почеток до крај. Тој го поднесе срамот кога беше распнат на крст, знаејќи дека Го очекува голема радост и сега седи на почесно место, веднаш до Бог. Помислете само низ што се помина Исус и какви навреди од грешниците истрпе! Затоа и вие не потклекнувајте и не дозволувајте да бидете обесхрабрени! Зашто, во вашата досегашна борба против гревот, се уште никој од вас не настрадал до смрт! Зарем ги заборавивте предупредувачките зборови што ви ги упати Бог како на Свои деца: „Чеда Мои, сфатете ги сериозно Божјите казнувања и не обесхрабрувајте се кога Тој ве укорува, зашто, Господ ги казнува оние што ги сака, и ги укорува оние што ги прифатил како Свои чеда.“ Издржете го строгото воспитување! Бог постапува со вас како со Свои чеда! Кој татко не го дисциплинира своето дете!? Ако сте изземени од укорувањата на кои сите деца се подложни, тогаш не сте вистински чеда, туку незаконски деца! Па и нашите земни татковци не укоруваа, па сепак ги почитувавме! Тогаш, колку повеќе треба да Му бидеме послушни на нашиот духовен Татко, за да живееме! Нашите земни татковци не караа еден кус временски период, како што сметале дека е најдобро. А Бог не кара за наше добро, зашто сака и ние да бидеме свети, како што е и Тој. Ниедно укорување не е пријатно; тоа е дури болно во времето кога го примаме. Но подоцна, оние што се одгледани во дисциплина, ќе пожнеат плод на спокојство и праведен живот. Затоа, „подигнете ги премалените раце и зацврстете ги треперливите колена!“ Чекорете по рамниот пат, за да не се онеспособат слабите и сакатите, туку напротив, да оздрават! Трудете се да живеете во мир со секого и да живеете свет живот, зашто без светост никој не ќе може да Го види Господа! Бидете внимателни, за никој да не ја испушти Божјата милостива благонаклоност. Да не изрти меѓу вас некој горчлив корен кој ќе вознемири и затруе мнозина! Будно внимавајте некој да не стане блудник или безбожник, како што беше Исав, кој за еден единствен оброк си го продаде првородството! Знаете дека, подоцна, кога тој сакаше да го добие татковиот благослов, беше одбиен. Со ништо веќе не можеше да ја промени својата поранешна постапка, иако со солзи молеше. Вие сега не пристапувате кон материјална планина како тогашните Израелци кон Синај, ни кон разгорен оган, ни кон темни облаци, ни кон луња, ни кон звук на труба, ниту кон силен глас (Израелците слушнаа таков глас, па молеа другпат да не им зборува!) Тие не можеа да ја поднесат заповедта: „Дури и животно ако се допре до планината - да биде погубено со каменување!“ Целата таа глетка беше толку страшна, што и самиот Мојсеј изјави: „Толку сум исплашен што треперам од страв!“ Напротив, вие сега дојдовте на гората Сион и во небесниот Ерусалим! Тоа е градот на живиот Бог, полн со свечен собир на неброени ангели. Тука се собрани првородените Божји чеда, чии имиња се запишани на небесата. Тука е Бог, Судијата на целиот човечки род. Тука се и душите на праведниците, кои сега се доведени до совршенство. Тука е Исус, посредникот на Новиот завет меѓу Бог и луѓето, чија пролеана крв ветува многу подобри нешта од крвта на Авел! Значи, внимавајте да не одбиете да Го слушате Бога, Кој ви зборува! Никој од луѓето што не го послушаа Мојсеј, кој овде на Земјата им ја говореше Божјата порака, не се извлече! Колку потешко ќе биде да се извлечеме ние, ако не Го слушаме Оној што ни зборува од небото! Тогаш, кога од гората Синај говореше Бог, земјата се тресеше од Неговиот глас; овојпат, Тој ни ветува: „Повторно ќе ја затресам Земјата, а со неа и небото!“ Зборот „повторно“ недвосмислено значи дека се што е создадено еден ден ќе биде разнишано и однесено. Ќе останат само оние нешта кои не можат да бидат разнишани, а тоа се вечните вредности. Затоа, ние треба да бидеме благодарни што ни е дадено Царство кое не е подложно на никаков потрес! Да Му служиме на Бог со благодарност и на богоугоден начин, со страхопочит и чествување, зашто нашиот Бог е оган што проголтува! Одржувајте го братољубието меѓу вас. Не пропуштајте да бидете гостољубиви, зашто некои луѓе така имаат угостено ангели, без да го знаат тоа. Сеќавајте се на затворените, како да сте со нив во окови, не заборавајте ги страдалниците, како да сте и вие дел од нивното тело. Бракот треба да се почитува од сите. Мажот и жената да ја чуваат својата интимност без неверства, зашто на блудниците и прељубниците ќе им суди Бог! Во вашите постапки не бидете алчни за пари. Бидете задоволни со тоа што го имате. Господ ни ветува: „Нема да ве оставам, нема да ве напуштам!“ Затоа храбро можеме да кажеме: „Јас не страхувам, зашто Господ е со мене; што може да ми направи човекот?“ Повик на следење добар пример Помнете ги вашите старешини кои први ви ја проповедаа Божјата порака. Видете го резултатот од нивниот начин на живеење и земете ја за пример нивната вера! Исус Христос не се менува: Тој е истиот, вчера, денес и засекогаш! Не дозволувајте да ве заведат со некои чудни учења. Внатрешната сила се добива преку Божјата дарежлива благонаклоност, а не преку држење обичаи за храна; оние што се држеа до овие обичаи, немаа никаква полза од тоа. А ние имаме жртвеник од кој дури ни свештениците што служат во Храмот немаат право да јадат! Првосвештеникот ја внесува крвта од жртвуваните животни во Најсветото место на Храмот, како принос за гревовите. Но телата на животните се палат надвор од Храмот. Затоа и Исус беше погубен надвор од градските порти, за да го исчисти Својот народ од гревови, преку Својата пролеана крв. Така ние сега треба „да излеземе од тој Храм“ и да пристапиме кон Исус, станувајќи така соучесници во срамот на којшто Тој беше изложен. Зашто ние овде на Земјава немаме град во кој вечно ќе живееме, туку го очекуваме во иднина. Нашата постојана жртва е, со помошта на Исус, да Му принесуваме слава на Бог со своите усни, кои ќе Го величаат и прославуваат Неговото име. Не заборавајте да им помагате на другите и да ги делите своите добра со нив, зашто и тоа се богоугодни жртви. Слушајте ги вашите духовни водачи и потчинувајте им се. Тие бдеат над вашите души и за тоа се одговорни пред Бог. Овозможете им тоа да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа нема да биде во ваш интерес. Молете се за нас! Ние сме уверени дека имаме чиста совест, бидејќи секогаш се трудиме во се да се однесуваме како што прилега. Посебно сакам да се молите наскоро да можам повторно да ве посетам. Бог е извор на мирот и Тој го воскресна од мртвите нашиот Господ Исус Христос. Исус е сега најголемиот Пастир, со чијашто крв се склучи вечниот Завет во полза на Неговото стадо. Се молам Бог да ве оспособи за секакво добро дело, за да можете да ја извршувате Неговата волја. Бог нека го изврши во нас она што Му е угодно, преку Исус Христос, Кому што Му припаѓа вечна слава! Амин. Ве молам, браќа, внимателно да го ислушате ова кратко писмо што ви го напишав со цел да ве охрабрам. Ве известувам дека нашиот брат Тимотеј го пуштија од затвор! Ако тој пристигне навреме, заедно ќе ве посетиме. Поздравете ги сите ваши духовни водачи и сите Божји луѓе. И христијаните од Италија ви испраќаат поздрави. Бог нека биде милостиво благонаклонет спрема сите вас! Од Јаков, служител на Бог и на нашиот Господ Исус Христос. Поздрав до дванаесетте племиња, распрснати низ целиот свет. Радувајте се, христијани, кога минувате низ разни искушенија, зашто знаете дека колку повеќе вашата вера се проверува, толку поистрајни станувате. Морате да научите се да издржите, за да станете зрели, целосни и ништо да не ви недостасува. Ако на некој од вас му недостасува мудрост, нека бара од Бог и Тој ќе му даде. Бог е дарежлив спрема сите и не се лути кога бараме нешто од Него. Но, кога барате, треба да барате со вера, без да се сомневате. Оној што се сомнева е како морски бран што ветрот го носи и го разбива. Таквиот човек нека не очекува дека ќе добие нешто од Господ, бидејќи е нерешителен и непостојан во се. Христијаните што се сиромашни треба да се гордеат со својот возвишен позив, а богатите - со понизност. Богатите ќе прецветаат како дивите цветови. Ќе огрее жешкото сонце, ќе ја исуши тревата, па дивите цветови ќе се исушат и сета нивна убавина ќе исчезне. Така е и со богатите. Ќе овенат презафатени со она што го работат. Благословен е оној човек, што и покрај искушенијата низ кои минува, останува верен. Откако ќе го помине испитот, Бог ќе го награди со вечен живот, како што им вети на сите што Го сакаат. Никој, кога е во искушение да направи нешто грешно, нека не вели: „Бог ме искушува со грев!“ Ниту Бог Себеси се проверува со грев, ниту пак вас ве проверува со грев. Секој паѓа во искушение тогаш кога ќе го намамат и ќе го фатат во стапица неговите сопствени, необуздани страсти. Кога необузданата страст ќе се зачне, таа раѓа грев, а растењето на гревот доведува до смрт. Мили мои, не дозволувајте да бидете измамени. Секој добар и совршен дар доаѓа од небото, од Бог, од Оној што ги создал небесните светила. Но за разлика од нив, Тој никогаш не се менува, кај Него нема сенка која би била резултат на поместување! Тој сакаше ние да бидеме првнина меѓу сите Негови созданија и затоа ни ја испрати вистинската порака, за да ни даде ново раѓање. Драги мои пријатели: повеќе слушајте, а помалку зборувајте и воздржувајте се од гневење. Гневот не води кон правичност каква што Бог очекува од нас. Затоа отфрлете ја сета нечистотија и сето зло што е во вас, па понизно прифатете ја пораката што Бог ја насади во вашите срца и што може да ве спаси. Немојте само да слушате и со тоа да се залажувате. Исполнувајте го тоа што ќе го чуете! Тој што слуша, а не исполнува, е како човек што ќе се погледне во огледало, и ќе си замине, заборавајќи како изгледа! Само оној што ќе се задлабочи во совршениот Закон, Законот што ослободува, и секогаш ќе се придржува до него, не заборавајќи го она што го слушнал, туку исполнувајќи го, ќе биде благословен од Бог во се што работи. Ако се сметаш за побожен, а не го обуздуваш својот јазик, ти само се залажуваш - твојата побожност е безвредна! Побожност што Бог, нашиот Татко, ја прифаќа како чиста и непорочна е оваа: Да се грижиш за сирачињата и вдовиците што се во невола и да се одржиш неизвалкан од овој свет. Пријатели мои, ако имате вера во нашиот славен Господ Исус Христос, нема да се однесувате спрема едни луѓе подобро, а спрема други полошо. Да претпоставиме дека на вашата богослужба доаѓа човек со златни прстење на раката, облечен во убава облека, а влегува и сиромашен човек во одрпана облека. Ако вие, гледајќи според облеката, му речете на човекот во убава облека: „Седни овде, на убаво место.“ - а на сиромашниот му речете: „Ти стој овде!“, или „Седни на подот!“, зарем со тоа не ги двоите луѓето, раководејќи се според неправедни мотиви!? Послушајте ме, драги пријатели! Зарем Бог не ги одбра сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на Царството што им го вети на оние што Го сакаат? А вие ги презирате сиромашните! Кој ве измачува, кој ве влечка по судови? Токму богатите! Зарем не се богатите тие што го навредуваат Божјото возвишено име што вие го носите? Добро правите, ако го исполнувате Господовиот царски закон запишан во Светото Писмо: „Сакај го својот ближен колку што се сакаш себеси.“ Но ако спрема едни луѓе се однесувате подобро, а спрема други полошо, правите грев и според Светото Писмо вие сте престапници. Дури и ако некој се придржува до целиот Закон, а згреши само на едно место, тој е виновник, како и оној што го прекршува целиот Божји Закон. Зашто, истиот Бог, Кој рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Ако не си извршил прељуба, а си убил, ти си прекршител на Законот. Зборувајте и постапувајте како луѓе што ќе бидат судени според милостивиот Закон што не ослободува! Инаку, на Судниот ден Бог нема да има милост спрема оние што биле безмилосни спрема другите. Милоста ја поразува осудата. Драги пријатели, каква корист има да велите дека имате вера, ако тоа не се гледа од вашите постапки? Може ли таква вера да ве спаси? Да претпоставиме дека некој ваш брат или сестра нема доволно облека или храна. Дали е доволно да му кажете: „Оди си спокојно, Господ нека ти даде облека и храна!“, наместо да му го дадете она што му е неопходно за да преживее!? Така е и со верата. Ако не е поткрепена со соодветни постапки, таквата вера е мртва вера. Можеби некој ќе рече: „Некои луѓе имаат вера, а некои - дела.“ Покажете ми, како може да имате вера, а од тоа да не произлегуваат соодветни постапки, а јас, преку моите постапки ќе ви покажам дека имам вера. Вие верувате дека има само еден Бог. Тоа е добро, но дури и демоните веруваат во тоа и се тресат од страв! Зар не сакаш да сфатиш, површен човеку, дека од вера без дела нема никаква корист!? Врз основа на што Бог го прогласи за праведен, нашиот прататко Авраам? Зарем тоа не беше преку дела, кога го стави својот син Исак врз жртвеникот? Гледате ли дека неговата вера беше сообразена со неговите постапки? Со таа своја постапка тој потврди дека има совршена вера. Токму на тоа се мисли кога Светото Писмо вели: „Авраам Му веруваше на Бог и заради неговата вера Бог го прогласи за праведник“, па го нарече и Свој пријател. Значи, очигледно е дека човек станува праведен пред Бог преку своите постапки, а не само преку вера. Така беше и со блудницата Рахаба. Бог ја прифати како праведна, зашто таа ги прифати израелските разузнавачи и ги упати на безбеден излез. Како што телото без дух е мртво, така и верата без соодветни дела е мртва. Драги пријатели, не треба сите да настојуваме да станеме учители во Црквата. Всушност, ние, учителите, ќе бидеме судени построго од другите луѓе. Сите ние грешиме во многу работи, но ако умееме да си го зауздаме јазикот, тогаш сме зрели луѓе, па ќе можеме да го зауздаме и целото тело. На коњите им ставаме узда во устата, за да ги натераме да ни се покоруваат и да одат онаму каде што ние сакаме. Земете ги бродовите за пример. Тие се толку големи, а сепак кормиларот со мало кормило ги води онаму каде што сака, и покрај силните ветрови кои ги движат. Така е и со јазикот. Мал орган е, но голема штета може да направи. Едно жарче може цела шума да запали! Јазикот е оган, најопасен од сите наши органи. Во состојба е целото тело да го опогани. Јазикот може целиот наш живот да го запали, бидејќи се пали од самиот пекол. Секое животно, било да е ѕвер, птица, влечуга или морско животно, се припитомува, или било припитомено од човекот, но јазикот, ниеден човек не може да го припитоми. Тој е необуздано зло, полн е со смртоносен отров. Со јазикот Го величаме нашиот Господ и Татко, а со истиот тој јазик ги колнеме луѓето коишто се создадени според Божјо подобие. Од иста уста излегуваат и благослови и клетви. Треба ли, драги мои, така да биде!? Може ли од ист извор да извира и слатка и горчлива вода? Може ли, драги мои, смоквата да раѓа маслинки, а лозата смокви? Од солен извор не може да се црпи слатка вода! Има ли меѓу вас мудри и разумни луѓе? Ако има, покажете ја вашата мудрост и разумност со примерен живот, со постапки што ќе се одликуваат со скромност и ќе бидат направени мудро. Но ако вашите срца се полни со чемерна завист и себичност, немојте да се фалите и да се лажете дека сте мудри. Тоа не е небесна мудрост, туку овоземна, себична и демонска. Кога луѓето се завидливи и себични, создаваат безредие и секакви зли дела. Небесната мудрост не прави чисти, мирољубиви, внимателни, чувствителни, да ги сакаме луѓето и да им помагаме, да бидеме непристрасни и нелицемерни. А миротворците ќе го сеат семето на мирот, и ќе жнеат плодови на праведност. Од каде произлегуваат судирите и кавгите меѓу вас? Зарем не произлегуваат од вашите необуздани страсти што постојано војуваат во вашите тела? Го посакувате тоа што го немате и ќе направите се за да го добиете! Подготвени сте дури и да убиете! Ќе пукнете од завист. Се карате, се расправате и пак не го добивате, бидејќи не го барате од Бог. А и кога барате - не добивате, бидејќи барате со грешни мотиви, за да ги задоволите вашите необуздани страсти. Тоа е прељубодејство спрема Бог! Зар не знаете дека пријателството со овој свет значи непријателство со Бог!? Секој што ќе одбере да му биде пријател на овој свет, Му станува непријател на Бог. Зарем мислите дека Писмото попусто кажува дека духот што Бог го поставил да живее во нас до ревност копнее за нашата верност спрема Него? Всушност, Бог е многу поблагонаклонет спрема нас, како што и кажува Светото Писмо: “Бог им се противставува на гордите, но спрема скромните е благонаклонет.“ Затоа, дозволете Бог да ве води. Противставете му се на Ѓаволот, па тој ќе побегне од вас! Приближете се кон Бог и Тој ќе се приближи кон вас! Грешните луѓе нека си ги измијат рацете, лицемерните нека си ги пречистат срцата. Нека жалат, нека тагуваат и нека плачат. Наместо да се смеат, нека тагуваат, наместо да се радуваат, нека жалат. Бидете понизни пред Господ и Тој ќе ве воздигне! Пријатели мои, не зборувајте лошо еден против друг! Кој зборува против својот пријател христијанин или го осудува, тој го напаѓа и осудува Божјиот Закон. А ваша задача е да го исполнувате Божјиот Закон, а не да го оценувате! Само Бог е Законодавец и Судија. Само Тој може да спасува или да уништува. Со кое право ти му судиш на твојот ближен!? Слушнете ме сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе одиме во тој и тој град и таму една година ќе работиме, ќе тргуваме и ќе заработиме.“ Што знаете вие за утрешниот ден? Од каде знаете дали утре ќе бидете живи? Вашиот живот е како утринската магла: ќе се појави за кратко и набргу исчезнува. Треба да велите: „Ако е Божја волја, ќе бидеме живи и ќе го правиме ова или она.“ Наместо тоа, вие самоуверено се фалите со вашите планови. Лошо е така да се фалите. Греши секој што не прави добро, иако знае дека треба да го прави. Слушнете ме сега вие што сте богати! Плачете и лелекајте заради многубројните неволи што ве очекуваат! Гнило е вашето богатство, вашите облеки молци ги изедоа. Вашето сребро и злато ’рѓосаа. Таа ’рѓа ќе биде сведоштво против вас. Ќе ги изеде вашите тела како оган. Напластивте богатство во овие последни денови. Не им плативте на оние што ги косеа вашите ливади и тие неисплатени пари сега викаат против вас, а лелекот на оние што ги жнееја вашите ниви дојде до ушите на Семоќниот Господ. Живеевте раскошно и разуздано на Земјата, си ги угоивте телата како добиток готов за клање. Осудивте и убивте праведни луѓе, кои не можеа да ви се противстават. Имајте трпение, драги пријатели, додека чекате да се врати Господ. Погледнете како земјоделецот трпеливо чека скапоцениот плод на земјата да узрее за жетва, како трпеливо го чека пролетниот и есенскиот дожд. Бидете и вие трпеливи како него и охрабрете ги вашите срца: Господ брзо ќе дојде! Немојте да негодувате еден против друг, во спротивно Бог ќе ви суди! Еве Го Судијата, веќе стои пред врата! Драги мои, следете го примерот на пророците што зборуваа во името на Господ. Тие имаа трпение, дури и кога мораа да страдаат. Оние што најмногу издржаа, најмногу и ги почитуваме. Сте слушнале какво трпение покажа Јов и знаете како Господ на крајот го благослови. Господ е полн со милост и сочувство. Но пред се, драги пријатели, немојте да се колнете, ни во небото, ни во Земјата, ниту во што било друго. Доволно е да кажете само „да“ или „не“, за да не паднете под осуда. Ако некој меѓу вас е во невола, нека се моли. Ако е весел, нека пее песни на благодарност. Ако некој од вас е болен, нека ги викне старешините на црквата да дојдат и да се молат за него. Нека ги замоли да го помазат со маслиново масло во името на Господ. Ако се молите со вера, ќе му помогнете на болниот. Господ ќе го оздрави и, ако направил грев, ќе му прости. Признавајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да бидете исцелени. Енергичната молитва од праведен човек има голема сила! Илија беше човек од крв и месо, како што сме и ние. Кога тој се помоли да не врне дожд - три и пол години дожд не заврна на земјата. Потоа пак се помоли и заврна дожд, па земјата си ги даде своите плодови. Пријатели мои, христијани, ако некој од вас застрани од вистината, треба да се потрудите да го вратите назад. Оној што ќе врати грешник од погрешен пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие многу гревови. Од Петар, апостол на Исус Христос, до луѓето одбрани од Бог што живеат во туѓина, распрснати низ Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Битинија. Бог Таткото реши да ве одбере, а Неговиот Дух ве направи свети. Вие Го послушавте Исус Христос и сега сте попрскани со Неговата крв. Ви посакувам Бог да ви биде изобилно благонаклонет и да ви дава се подлабок мир. Благословен нека е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој поттикнат од Својата огромна милост, одново не роди! Сега живееме со надеж која произлезе од воскресението на Исус Христос. Очекуваме наследство што не се распаѓа, неосквернето, што не венее. Тоа наследство Бог го чува за нас на небото. Божјата сила ќе ве чува се до последниот ден, бидејќи имате доверба во Него. Тогаш Бог јавно ќе го објави вашето спасение. Затоа треба неизмерно да се радувате, макар што, ако е неопходно, уште кратко време ќе минувате низ разни маки и искушенија. Преку нив се проверува вредноста на вашата вера. Дури и златото, кое е само од привремена полза, со оган се проверува. Вашата вера е многу повредна. Така, ако успешно ја поминете таа проверка, вие ќе добиете пофалба, слава и чест на денот кога Исус Христос ќе му се открие на целиот свет. Вие Го сакате Христос, иако никогаш не сте Го виделе, верувате во Него, иако не ви е пред очи. Затоа ќе се радувате со величествена радост што не може да се опише, оти ќе ја постигнете целта на вашата вера - спасението на своите души. Токму за ова спасение сакаа повеќе да дознаат и пророците. Тие пророкуваа за тој незаслужен подарок што требаше да дојде. Се обидуваа да дознаат на кого се однесува тоа и кога ќе се случи. Духот на Христос беше во нив и им претскажуваше дека Месијата најпрво ќе страда, а потоа ќе се стекне со голема слава. Ним им беше откриено дека ова нема да се случи во нивно време и дека тие претскажуваат работи за иднината, за вас. Тие работи сега ви беа објавени преку оние што ви ја проповедаа Радосната вест, со силата на Светиот Дух испратен од небото. Дури и ангелите копнеат да проникнат во овие работи, да ги разберат. Затоа, впрегнете го својот ум, размислувајте трезвено. Сета своја надеж положете ја во благонаклоноста што ќе ви биде дадена кога ќе се врати Исус Христос! Бидете Му послушни на Бог, бидејќи сте Негови деца. Немојте да им се препуштате на вашите поранешни страсти од времето кога живеевте во незнаење. Напротив, бидете свети во сите свои постапки, бидејќи вие сте Божји избраници, а Тој е свет. Самиот Бог во Светото Писмо ни порачува: “Бидете свети, затоа што Јас сум свет!“ Кога веќе Бога го сметате за ваш небесен Татко, Кој секого наградува или казнува според постапките, без пристрасности спрема поединци, тогаш, се додека живеете како туѓинци, овде на Земјава, однесувајте се со страхопочит спрема Бог. Вие знаете каква цена беше платена за да бидете откупени од безвредниот начин на живеење што го имавте наследено од вашите татковци. Знаете дека не бевте откупени со сребреници и златници, кои се потрошни нешта, туку со скапоцената крв на Христос, безгрешното, совршено Божјо Јагне. Бог Него Го одбра за оваа цел уште пред создавањето на светот, но дури сега, во овие последни времиња, Го испрати на Земјата заради вас. Преку Христос вие поверувавте во Бог, во Оној што Го воскресна од мртвите и Го прослави. Затоа можете со целосна доверба да ја положите својата надеж во Бог. Сега, откако и се покоривте на вистината, ги исчистивте своите души. Од тоа произлезе искрена, братска љубов меѓу вас. Затоа, сакајте се меѓусебно искрено и од се срце. Сакајте се затоа што сега сте наново родени, не од земни родители, кои би ви ја пренесле и смртта, туку од бесмртниот Родител, преку живиот и вечен Божји Збор. Светото Писмо вели: „Секој човек е како трева, а секоја човечка слава и убавина се како цвеќе во ливада; тревата се суши, цвеќето венее, само зборот Господов вечно ќе живее.“ Тој збор е Радосната вест што ви беше проповедана. Затоа ослободете се од се што е злобно, немојте да лажете и да лицемерите, немојте да завидувате и да клеветите. Бидете како новороденчиња, секогаш жедни за чисто духовно млеко, преку кое ќе растете до полнота во вашето спасение, сега кога лично се уверивте дека Господ е добар. Дојдете кај Исус Христос. Тој е Живиот Камен, Кој, навистина од луѓето беше отфрлен, но Бог го одбра и за Него е скапоцен. Сега и вие како живи камења сте вградени во еден духовен дом, за да бидете свето свештенство, да принесувате духовни жртви прифатливи за Бог, заради Исус Христос. За ова во Светото Писмо Бог вели: „Еве, ќе поставам во Ерусалим Камен-темелник, одбран и скапоцен; кој ќе поверува во Него, никогаш нема да се разочара.“ Да, за вас што верувате: „Тој Камен што ѕидарите го отфрлија, стана Камен-темелник,“ скапоцен Камен. А за оние што Го отфрлија, истиот тој Камен е: „Камен од кој ќе се сопнуваат, Карпа преку која ќе паѓаат.“ Тие се сопнуваат затоа што не ја слушаат и не ја веруваат Божјата порака. Затоа таква судбина им е определена. Но вие сте одбрани луѓе, царско свештенство, свет народ, луѓе што Му припаѓаат на Бог. Вие сте избрани за да им ја покажете на луѓето Божјата добрина, зашто Тој ве изведе од темнината и ве воведе во Својата прекрасна светлина. „Вие што порано не бевте сметани за народ, сега сте Божји народ; вие над кои немаше кој да се сожали, сега добивте милост од Бога.“ Драги мои, вие сте привремени жители, туѓинци на оваа Земја. Затоа ве молам да не им се препуштате на телесните страсти, зашто тие војуваат против вашите души. Однесувајте се примерно спрема луѓето кои не Го познаваат Бога. Иако тие ве клеветат дека сте злосторници, кога ќе видат дека вршите добри дела, ќе Го прослават Бога во денот кога Тој ќе ги посети. Заради Господ, покорувајте им се на институциите на власта: било на царот, како на врховен владетел, било на управниците назначени од него. Тие се поставени за да ги казнуваат злосторниците, а да ги пофалуваат оние што прават добро. Бог сака со правење добро да ги замолкнете неоснованите обвинувања на неразумните луѓе. Вие не сте робови, туку слободни луѓе, но не треба да ја користите слободата како изговор за да правите зло, туку да живеете служејќи Му на Бог. Почитувајте ги сите луѓе. Сакајте ги христијаните, имајте страхопочит спрема Бог и почитувајте ја власта. Слуги, покорувајте им се со страхопочит на вашите господари, не само на оние што се добри и кротки, туку и на оние што се сурови. Вредно е во Божјите очи ако од обѕири спрема Него трпеливо поднесувате страдања на кои сте неправедно изложени. Инаку, зар би било за пофалба, ако трпите заслужена казна!? Но ако правите добро, а сепак страдате, тоа е вредно во Божјите очи. Токму заради ова Бог и ве одбра. Христос страдаше за вас и ви даде пример што треба да го следите. „Грев Тој не направи, лага не изусти.“ Кога Го навредуваа, Тој не им возвраќаше со навреди. Кога страдаше, Тој не се закануваше, туку се препушти во рацете на Бог, Кој суди праведно. Ги зеде нашите гревови врз себе, на крстот, за да бидеме мртви за гревот, и да почнеме да живееме за праведноста. Тој доби рани за да бидете вие здрави. Талкавте како залутани овци. Но сега се вративте кај Пастирот, кај Оној што се грижи за вашите души. Вие, мажените жени, треба да им се покорувате на своите сопрузи, дури и ако тие не се однесуваат во согласност со Божјото Слово. Вашето поведение зборува посилно од зборови. Ќе ги придобиете преку вашето непорочно и побожно поведение. Вашата убавина да не биде само надворешна. Нека не се сведува на дотерување на косата, на накит и скапи облеки. Треба да зрачите со внатрешна убавина, со кроток и тивок дух, со нераспадлив накит, со она што е скапоцено пред Бог. Така во минатото се украсуваа светите жени. Имајќи вера во Бог, тие им се покоруваа на своите сопрузи. Така Сара му се покоруваше на Авраам, нарекувајќи го свој господар. Вие сте сега нејзини ќерки, и ако го правите тоа што е правилно, од ништо не треба да се плашите. Вие, мажите, треба да бидете внимателни спрема своите сопруги. Тие не се толку силни како што сте вие. Почитувајте ги затоа што и тие, заедно со вас, ќе го наследат Божјиот милостив подарок - вечниот живот. Само така вашите молитви нема да бидат попречувани. На крајот, како заклучок, сите бидете сложни, сочувствителни еден спрема друг, сакајте се, бидете љубезни и понизни. Не враќајте зло за зло, ниту навреда за навреда. Напротив, дури и во такви ситуации бидете љубезни со луѓето и посакувајте им благослов. Токму заради тоа Бог и ве одбра и тоа е она што Тој го очекува од вас. Така ќе го добиете Неговиот благослов. „Човек што си го сака животот и сака да доживее многубројни и среќни дни, нека си го варди јазикот од зла дума и усните од лага. Од злото настрана нека се држи добро нека прави, кон мир нека се стреми и за мир нека работи. А Господ бдее над праведниците и благонаклоно им ги слуша молитвите, додека спрема оние што вршат зло Господ го упатува Својот прекорен поглед.“ Ако ревносно правите добро, кој ќе ви напакости? Па дури и ако страдате, борејќи се за правдата, Господ ќе ве награди. Затоа, немојте да се плашите од нивните закани, не губете си го спокојството. Почитувајте Го Христос од се срце, како свој Господ. Бидете секогаш подготвени да му одговорите на секој што ќе ве праша за вашата христијанска вера. Одговарајте им на луѓето кротко и со страхопочит. Вашата совест треба да биде чиста. Тогаш оние што зборуваат против вас ќе бидат посрамени од вашето добро поведение, какво што и му прилега на еден следбеник на Христос. Па ако Бог допушти и да страдате, подобро е да страдате поради тоа што вршите добро, отколку да страдате поради зли дела. Па и Христос пострада, кога умре за нашите гревови, еднаш засекогаш. Тој беше безгрешен, но умре за нас грешните, за да не врати кај Бог. Телесно беше убиен, но преку Светиот Дух оживеа. Тој отиде да им проповеда на духовите што лежат в затвор, на оние што долго време во минатото беа непокорни, а Бог трпеливо ги чекаше, на оние што изгинаа во времето на Ное. Тогаш беше направен ковчегот во кој само неколкумина, односно осум души, се спасија од смрт преку водата. Таа симболика го претставува крштавањето со кое сега сте спасени. Крштавањето не е отстранување на нечистотијата од телото, туку завет пред Бог што се дава со чиста совест. Тоа е сега можно затоа што Исус Христос воскресна. Сега Христос е на небото и седи на почесно место - од десната страна на Бог. Сите ангели, власти и сили се под Негова контрола. Кога Христос, додека беше овде на Земјата, страдаше, и вие треба да бидете подготвени да страдате. Кога човек ќе умре, престанува да греши. Ако „умревте“ со Христос, вие веќе нема да живеете водени од вашите телесни страсти, туку во текот на вашиот овоземен живот ќе ја исполнувате Божјата волја. Доволно време потрошивте учествувајќи во она во што уживаат паганите: во неморал, незауздана похота, опивање, гозби, пијанки и одвратно идолопоклонство. Вашите поранешни пријатели се чудат што вие не сте веќе со нив во тоа море од расипаност, па затоа зборуваат против вас. Но тие ќе полагаат сметка пред Бог, Кој веќе е подготвен да им суди и на живите и на мртвите. Токму заради ова, Радосната вест им беше проповедана и на оние што починаа. Иако телесно беа казнети со смрт, тие ќе живеат духовно, како што и Бог живее како Дух. Крајот е близу. Затоа бидете трезвени и ревносно молете се, а најмногу од се, сакајте се меѓу себе длабоко и искрено, зашто љубовта покрива многу гревови. Бидете гостољубиви еден спрема друг, без да негодувате. Секој, согласно со дарбите што ги има, нека им служи на другите. На тој начин ќе докажете дека добро управувате со дарбите што ги дава Бог, дарежливо и разновидно. Ако е некој добар говорник, нека ја проповеда Божјата порака. Ако некој има дарба да им помага на луѓето, нека го прави тоа со силата што му ја дава Бог. Се треба да се прави така што да Му се оддава слава на Бог, преку Исус Христос, на Кого Му припаѓаат славата и власта во вечни времиња. Амин. Драги мои, нека не ве изненадува фактот што минувате низ огнени искушенија, небаре нешто неочекувано ви се случува! Радувајте се што преку страдањата се идентификувате со Христос. Затоа, пак, ќе се радувате и веселите кога ќе се открие Неговата слава. Ако ве навредуваат поради тоа што сте Христови следбеници, тоа треба да ве радува! Тоа е доказ дека величествениот Божји Дух е во вас. Срамота е ако некој од вас биде казнет за убиство, за кражба, за злосторство или за правење сплетки, но ако страдате поради тоа што сте христијани, немојте да се срамите. Напротив, бидете Му благодарни на Бог што го носите Христовото име! Бог веќе почна да суди и тоа најпрво меѓу Своите следбеници. Ако ние, христијаните сме судени, каков ли ќе им биде крајот на оние што и се противат на Божјата Радосна вест!? „Ако праведните одвај се спасуваат, што ли ќе биде со безбожните и грешните!?“ Заради тоа, оние што страдаат извршувајќи ја Божјата волја, нека Му ги доверат своите души на својот Творец, Кој никогаш не изневерува, и нека продолжат да прават добро. Сакам да ги охрабрам црковните старешини. И јас сум старешина, сведок на страдањето на Христос и знам дека кога повторно ќе дојде и мене ќе ме огрее Неговата слава. Затоа ве молам, како што овчарот се грижи за своето стадо, така и вие да се грижите за оние што ви се од Бога доверени. Правете го тоа од се срце, а не безволно. Грижете се за нив ревносно, заради Бог, а не од желба за печалба. Не господарете над луѓето што ви се доверени, туку бидете му пример на стадото. А кога ќе дојде Христос, Врховниот Пастир, вие ќе добиете венец што никогаш не свенува - божествена слава. Вие што сте помлади, слушајте ги старешините. Всушност, сите треба понизно да си помагате еден на друг, зашто: „Бог на горделивите им се противставува, а спрема понизните е благонаклонет.“ Бидете понизни пред Божјата моќна рака, за Бог да ве воздигне кога за тоа ќе дојде време. Се што ве вознемирува препуштете Му го Нему. Тој се грижи за вас. Бидете трезвени и постојано на штрек! Внимавајте! Вашиот непријател, Ѓаволот, како разјарен лав обиколува и си бара жртва за растргнување. Спротивете му се, без да се колебате во верата. Вие знаете дека христијаните во целиот свет минуваат низ истите страдања! Во Својата љубезност, Бог ве повика, преку Исус Христос, да бидете дел од Неговата вечна слава. Откако кратко време ќе истрпите, Тој ќе ве усоврши, ќе ве поткрепи, ќе ве направи цврсти и непоколебливи. Тој владее над се, сега и за вечни времиња. Амин. Ова кратко писмо ви го пишувам со помош на Силван, кого го сметам за верен брат. Сакав да ве охрабрам и да ве уверам дека ја имате Божјата благонаклоност. Ве поздравува вашата сестринска црква од Рим. Ве поздравува и Марко. Тој ми е како син. Поздравете се меѓусебно со искрени изрази на христијанска љубов. На сите што сте Христови следбеници ви посакувам мир. ( Амин.) Од Симон Петар, слуга и апостол на Исус Христос, до оние што ја имаат истата скапоцена вера што ја имаме и ние, вера што ни беше дадена преку праведноста на Исус Христос, нашиот Бог и Спасител. Ви посакувам се подобро да го запознавате Исуса, нашиот Бог и Господ, а преку тоа Бог да ви биде се поблагонаклонет и во изобилие да ви дава мир. Запознавајќи го Христос, Неговата божествена сила ни подарува се што ни е потребно за да живееме побожен живот. Тој не повика да ги примиме Неговата слава и добрина. Бог ни даде големи и скапоцени ветувања преку кои и вие можете да добиете божествена природа. Со неа ќе можете да им се противставите на вашите грешни страсти и да го избегнете погубното влијание на овој свет. Затоа со сите сили потрудете се да ја унапредите својата вера. Додајте и добрина, на добрината додајте и знаење, на знаењето додајте му самоконтрола, на самоконтролата додајте и трпеливост, на трпеливоста додајте и побожност, на побожноста додајте и љубов спрема сите христијани, а кон сето тоа додајте несебична љубов спрема секого. Ако ги имате ваквите доблести во изобилие, ќе покажете дека вашето познавање на нашиот Господ Исус Христос ве има направено корисни и плодоносни. Кој ги нема овие доблести, тој е слеп, или кратковид, и заборавил дека Бог го исчисти од неговите стари гревови. Затоа, драги пријатели христијани, потрудете се да покажете дека Бог навистина ве повикал и ве одбрал. Правејќи го ова, никогаш нема да се сопнете и да паднете. Тогаш Бог широко ќе ви ги отвори портите на небото за да влезете во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Знам дека вие веќе сега сте цврсто втемелени во вистината и добро ги знаете овие нешта, но сепак јас секогаш ќе настојувам да ве потсетувам. Се додека сум во овој „шатор“, моето смртно тело, сметам дека ми е должност да ве потсетувам. Нашиот Господ Исус Христос ми покажа дека моите дни овде на Земјава се изброени и јас брзо ќе го напуштам овој шатор. Затоа ќе направам се што зависи од мене, та и по моето заминување вие да ги помните овие нешта. Кога ви кажувавме за силата на нашиот Господ Исус Христос и за Неговото повторно доаѓање, ние не се служевме со лукаво смислени прикаски! Ние со свои очи ја видовме Неговата величественост! Тој прими чест и слава од Бог Таткото кога Божјиот славен, величествен глас се спушти од небото кон Него: „Ова е Мојот Син, Мојот Љубимец, со Него сум целосно задоволен.“ Кога се случи тоа ние бевме таму, на светата гора, заедно со Исус и го слушнавме тој глас од небото. Тоа уште повеќе не увери во вистинитоста на она што го претскажуваа пророците. Затоа, добро ќе сторите ако на нивните пораки гледате како на светало што свети во темнината, се додека не осамне денот кога Христос, ѕвездата Деница, ќе болсне во вашите срца. Пред се треба да знаете дека ниту едно пророштво во Светото Писмо не е нечија самоволна објава, бидејќи тие пророштва никогаш не биле дадени по желба на некој човек, туку Светиот Дух ги поттикнувал и водел Божјите луѓе да го зборуваат она што им било наложено од Бог. Но имаше и лажни пророци меѓу Израелците, како што и меѓу вас ќе има и лажни вероучители. Тие подмолно ќе воведуваат погубни ереси, свртувајќи се дури и против Господарот што ги откупи. Така тие брзо ќе навлечат врз себе уништување. Многумина ќе тргнат по нивните срамни патишта и заради нив лошо ќе се зборува за Патот на вистината. Поради алчност ќе измислуваат разни прикаски, само за да извлечат од вас материјална корист. Но Бог уште одамна им пресудил на таквите. Уништувањето нив будно ги чека. Зашто Бог не ги поштеди ни ангелите што згрешија, туку ги предаде во оковите на мракот, ги фрли во пеколот, за да бидат таму чувани се до Судниот ден. Не го поштеди ни древниот свет, туку пушти потоп и ги уништи безбожниците. Го зачува само Ное, кој проповедаше праведност, и неговото седумчлено семејство. Градовите Содом и Гомора во прав и пепел ги претвори! Им пресуди и ги разори на страовен начин, како пример за сите што сакаат да бидат безбожни. Но Лот беше праведен и се згрозуваше од развратот на тие изопачени луѓе. Затоа Бог него го избави. Тој беше праведен човек и за него беше душевно измачување да живее со Содомјаните и секојдневно да ги гледа и слуша како прават секакви зла. Бог знае како да ги избави побожните луѓе од нивните неволи, а неправедните ги казнува уште додека го очекуваат Судниот ден. Тоа посебно се однесува на оние што се раководат од телото и грешните страсти и го презираат Божјиот авторитет. Во својата дрскост тие луѓе немаат никаква почит спрема славните небесни суштества, туку се осмелуваат дури и да ги навредуваат! Дури ни ангелите, иако се многу посилни и помоќни од нив, не изнесуваат пред Господ такви навредливи обвиненија против нив. Таквите луѓе се како неразумни животни, кои се определени за да бидат ловени и убивани. Се потсмеваат на нешта што не ги разбираат. Затоа и ќе загинат како животни. Ќе страдаат како казна за сите страдања што ги предизвикале. За нив претставува уживање сред бел ден да се препуштат на разврат. Кога јадат и пијат со вас, тие се дамки на вашиот углед и само ве осрамотуваат, зашто тоа го прават од нечисти мотиви. Очите им се полни со прељуба. Нивната желба за грев е незаситна. Ги заведуваат неутврдените луѓе, а срцата им се навикнати на алчност. Тоа се проколнати луѓе! Скршнувајќи од вистинскиот пат, тие заталкаа. Се поведоа по примерот на пророкот Балаам, синот на Беор, кој за пари беше готов да постапува неправично. Но тој беше прекорен за својот престап. Неговото магаре, немо животно, прозборува со човечки глас и го натера да прекине со тие неразумни постапки. Таквите луѓе се како пресушени извори, како облаци разнесени од ветрот. За нив е обезбедено место во најцрната темнина. Устите им се полни со празни фалби. Со своите незауздани телесни похоти, тие ги заведуваат луѓето кои одвај се оттргнале од живеење во заблуди. Им ветуваат слобода, а самите се робови на корупција, зашто човек му робува на она што не може да го заузда. Ако тие навистина се оттргнаа од валканите навики на овој свет кога дознаа за нашиот Господ и Спасител Исус Христос, и сега пак се вплеткуваат во стапицата на развратноста и претрпуваат пораз, тогаш нивната сегашна состојба е полоша од онаа на почетокот! Подобро ќе беше да не го запознаеја патот на праведноста, отколку, откако го запознаа, да и свртат грб на светата заповед што им беше дадена! Ним им се случи она што го кажуваат поговорките: “Песот се враќа на сопствената блујавица.“ и „Откако се искапала, свињата во калта се вратила!“ Драги мои, ова е веќе второ писмо што ви го пишувам, за да ви ги освежам сеќавањата и да ве поттикнам искрено да расудувате. Потсетувајте се на зборовите што ги кажуваа светите пророци и на заповедите на нашиот Господ и Спасител, дадени преку апостолите. Прво, треба да знаете дека во последните денови ќе дојдат луѓе што ќе и се подбиваат на вистината, ќе се раководат од своите грешни страсти и ќе велат: „Што се случи со ветувањето дека Христос ќе се врати? Нашите предци одамна изумреа, а во светот се си тече онака како што било уште од неговото создавање!“ Тие како да забораваат дека небесата постојат веќе многу долго време, и дека преку Божјата заповед Земјата излезе од вода, останувајќи опкружена со водата. На Божја заповед светот потоа беше поплавен од водите и беше уништен. На Божја заповед сегашните небеса и Земја се чуваат се до Судниот ден. Тогаш оган ќе ги проголта, а безбожниците ќе бидат уништени. Драги мои, една работа да не заборавате: за Господ еден ден е како илјада години и илјада години се како еден ден. Господ не одолжува со исполнувањето на Своето ветување, како што некои мислат. Тој само е трпелив, зашто не сака никој да заврши во пропаст, туку секој да се покае и да се спаси. Денот кога Господ ќе се врати ќе ве изненади како крадец. Небесата ненадејно ќе исчезнат со силна бучава. Елементарните состојки во оган ќе се распаднат, а Земјата и сите остварувања на неа, ќе исчезнат. Кога знаете дека сето ова ќе пропадне, како треба да се однесувате? Треба да водите свет живот, посветен на Бог, да го чекате и што поскоро да го посакувате доаѓањето на тој Божји ден. Тогаш небесата ќе бидат запалени и уништени, а елементарните состојки од жештина ќе се растопат. Но за нас Бог вети ново небо и нова Земја, каде што ќе владее праведност. Ова со нетрпение го очекуваме! Очекувајќи го ова, пријатели мои, потрудете се Христос да ве затекне чисти, без пороци и помирени со Бог. Ценете ја трпеливоста на нашиот Господ, бидејќи таа дава можност што повеќе луѓе да се спасат. За тоа ви пиша и нашиот сакан брат Павле, воден од мудроста што Бог му ја дал. Тој за ова пишува во сите свои писма. Во тие писма има и работи што се тешки за разбирање, па некои неуки и неутврдени луѓе ги извртуваат, како што извртуваат и други делови од Светото Писмо. Така самите ќе се уништат. Но вие, драги мои, навреме сте предупредени. Чувајте се да не застраните, да не бидете заведени од овие зли луѓе и да ја загубите сигурната позиција на која се наоѓате. Трудете се да придобиете се поголема благонаклоност од нашиот Господ и Спасител Исус Христос и се подобро да Го запознавате. Ви пишуваме за Исус Христос, Зборот на животот, Оној што постои уште од самиот почеток. Со свои уши Го слушнавме, со свои очи Го видовме, со свои раце Го допревме. Оној што дава живот се појави! Го видовме и подготвени сме да ви сведочиме за тоа. Сакаме да ви кажеме за овој вечен Живот што беше со небесниот Татко и се појави пред нас. Ви го кажуваме она што го видовме и чувме, за да ни се придружите и вие во општењето што го имаме со Таткото и со Неговиот Син, Исус Христос. Ви го пишуваме ова, за да биде целосна нашата радост. Ова е пораката што ја слушнавме од Исус и ви ја пренесуваме: Бог е светлина. Во Него нема ни трошка темнина. Ако кажеме дека општиме со Бог, а живееме во темнина, лажеме и не се придржуваме до вистината. Но ако живееме во светлина, како што и Бог е во светлина, тогаш навистина ќе општиме еден со друг, а крвта на Божјиот Син, Исус Христос, ќе не исчистува од секој грев. Ако тврдиме дека не грешиме, самите се лажеме и одбиваме да ја прифатиме вистината. Но ако Му ги признаваме своите гревови на Бог, Тој е правичен и ќе си го одржи ветувањето: ќе ни ги прости гревовите и ќе не исчисти од сета неправедност. Ако тврдиме дека не сме грешни, Бога Го правиме лажливец и покажуваме дека Неговото Слово не навлегло во нас. Чеда Божји, ова ви го пишувам за да не грешите. Но, ако некој од вас направи грев, Го имаме праведниот Исус Христос, Кој се застапува за нас пред небесниот Татко. Тој е помирителната жртва што се принесе за нашите гревови, и не само за нашите, туку и за гревовите на целиот свет. По што ќе се знае дека сме Божји луѓе? По тоа што ќе се придржуваме до Неговите заповеди! Оној што тврди дека е Божји човек, а не се придржува до Неговите заповеди, тој лаже и само покажува дека вистината не е во него. Само тој што се придржува до Неговото Слово има совршена љубов спрема Бог, и по тоа ќе се знае дека сме Божји луѓе. Оној што тврди дека е Божји човек, треба да го следи примерот на Исус. Драги мои, јас не ви пишувам за да ви дадам некаква нова заповед. Ова е стара заповед што ви беше дадена уште од самиот почеток. Таа стара заповед - да имаме љубов еден спрема друг - е истата порака што ја чувте отпорано. Сепак, таа заповед на некој начин е и нова, зашто нејзината вистинска смисла може да се согледа дури сега во Исус и во вас. Погледнете, темнината исчезнува, а вистинската светлина веќе свети! Оној што тврди дека е на страната на светлината, а ги мрази другите христијани, тој се уште е на страната на темнината. Оној што ги сака другите христијани, навистина живее во светлината и кај него нема ништо што би можело некого да наведе на грев. Оној што ги мрази другите христијани е на страната на темнината, низ црна темнина оди и не знае каде ќе стигне, зашто темнината му ги заслепува очите. Ви пишувам вам, чеда Божји, бидејќи вашите гревови се простени благодарејќи Му на Исус Христос. Ви пишувам вам, родители, бидејќи вие Го знаете Христос, Оној што постои уште од самиот почеток. Ви пишувам вам, млади луѓе, бидејќи ја добивте битката против Злиот. Ви напишав вам, деца, бидејќи вие Го спознавте Таткото. Ви напишав вам, родители, бидејќи вие Го знаете Христос, Оној што постои уште од самиот почеток. Ви напишав вам, млади луѓе, вие сте силни, зашто Божјото Слово живее во вас и вие ја добивте битката против Злиот. Немојте да го сакате овој свет и она што тој ви го нуди, зашто ако го сакате овој свет, во вас нема љубов спрема небесниот Татко. Тоа што го нуди светот: телесните похоти, желбата да се има се што ќе се види, гордоста заради богатството што се поседува - не е од небесниот Татко, туку од овој свет. А овој свет и световните похоти се краткотрајни; само оној што ја исполнува Божјата волја останува вечно. Чеда Божји, се одигрува последниот час! Сте слушнале дека ќе дојде Антихристот, но веќе сега има многу антихристи и по тоа знаеме дека настапува последната епоха. Тие луѓе излегоа од нас, но никогаш не беа навистина дел од нас. Да беа вистински дел од нас, со нас и ќе останеа. Напуштајќи не, тие покажаа дека ниту еден од нив не бил дел од нас. Но вие сте просветлени од Светиот Дух и се ви е јасно. Не ви пишувам како да не ја знаете вистината, туку затоа што ја познавате и знаете дека од вистината не може да произлезе никаква лага. Значи, кој е лажливец? Секој што тврди дека Исус не е Месијата! Тие луѓе се антихристи и не Го прифаќаат ниту небесниот Татко, ниту Синот - Исус. Секој што не го прифаќа Синот покажува дека не го прифаќа ни Таткото. А секој што го признава Синот во исто време Го признава и Таткото. Вие, пак, придржувајте се до тоа што го слушнавте на почетокот. Ако се придржувате до тоа што го чувте на почетокот, ќе бидете во единство со Синот и со Таткото. А Тој ни вети вечен живот. Ова ви го пишувам зашто има луѓе што се обидуваат да ве заведат. Што се однесува до вас, вие сте просветлени од Светиот Дух и, се додека Тој Дух живее во вас, нема потреба никој да ве учи за тоа што е вистина, а што не. Светиот Дух ве учи за се, и се што Тој ве учи е вистина, а не лага. Држете се до Него и до она што Тој ве научи. А сега, чеда Божји, останете во единство со Христос, за да не се посрамиме при Неговото повторно доаѓање, туку да излеземе пред Него со крената глава. Знаете дека Исус е праведен, затоа треба да знаете дека секој што постапува праведно е Божјо чедо. Погледнете колкава голема љубов покажа небесниот Татко спрема нас! Тој толку многу не засака, што не прифати како Свои чеда и ние сега навистина сме Божји чеда! Световните луѓе не Го познаваат Бога, па затоа и нас не не препознаваат како Божји чеда. Драги мои, ние веќе сега сме Божји чеда, но не можеме ни да си замислиме што ќе станеме допрва! Сепак знаеме дека кога Христос повторно ќе дојде, ќе станеме слични на Него, бидејќи ќе Го видиме онаков каков што Тој навистина е. Секој што ја положил својата надеж во Него, ќе се чува да остане чист, токму како што и Христос е чист. Секој што прави грев, го прекршува Божјиот Закон, зашто гревот е токму тоа: прекршување на Законот. Како што знаете, Христос токму заради тоа и дојде: да ги отстрани нашите гревови. Во Него грев нема, па затоа секој што е на Негова страна нема да продолжи да греши. Ако човек продолжи да греши, тој ниту Го познава Христос, ниту пак сфаќа Кој е Тој! Чеда Божји, не допуштајте некој да ве заведе! Праведен е оној што постапува праведно, онака како што постапуваше Исус. А оној што продолжува да греши е на страната на Ѓаволот, зашто Ѓаволот греши уште од самиот почеток. Токму затоа и дојде Божјиот Син: да го уништи она што го прави Ѓаволот. Тој што е препородено Божјо чедо нема да продолжи да греши, бидејќи Божјото семе е во него. Тој е препородено Божјо чедо и не може да продолжи да греши. Постои јасна разлика меѓу Божјите чеда и децата на Ѓаволот: секој што не постапува праведно, и што не ги сака другите христијани, не е Божјо чедо. Пораката што ја чувме од почетокот гласи: да се сакаме еден со друг. Да не бидеме како Каин, кој застана на страната на Злиот и го уби сопствениот брат. Зошто го уби? Бидејќи она што го правеше Каин беше погрешно, а она што го правеше неговиот брат беше правилно. Според тоа, не чудете се, драги христијани, ако луѓето од овој свет ве мразат! Ако ние, христијаните, се сакаме еден со друг, тоа докажува дека сме преминале од смрт во вечен живот. Оној што не ги сака другите христијани, се уште е во стегите на смртта. Секој што мрази некој од христијаните е убиец, а вие знаете дека ниту еден убиец во себе нема вечен живот. Кога Исус го даде сопствениот живот за нас, ние сфативме што значи да се има љубов. Така треба и ние да ги даваме нашите животи за други христијани. Како може некој да тврди дека ја има Божјата љубов, ако има световни богатства и гледа дека некој од христијаните е во материјална невола, а тој не сака да му помогне? Чеда Божји, треба вистински да се сакаме, не само на зборови, туку на дело, со нашите постапки во секојдневниот живот. Така ќе знаеме дека сме на страната на вистината, и ќе ја имаме неопходната увереност кога ќе застанеме пред Бог. Па и кога нашата совест не обвинува, да не забораваме дека Бог е над нашата совест и дека Тој знае се. Драги мои, кога имаме чиста совест можеме да пристапиме пред Бог со увереност. Се што ќе побараме од Него, ќе добиеме, ако се држиме до Неговите заповеди и го правиме она што е во согласност со Неговата волја. А Божјата заповед е да веруваме во Неговиот Син Исус Христос и да се сакаме еден со друг. Така ни заповеда и Исус. Оние што се придржуваат до Божјите заповеди живеат во нераскинливо заедништво со Бог и Тој трајно живее во нив. Како знаеме дека Бог живее во нас? Доказ за тоа е Светиот Дух што ни го даде Христос. Драги мои, не верувајте му на секој што тврди дека во себе го има Божјиот Дух. Проверувајте дали духот што е во нив е од Бога, бидејќи по светот се појавија многу лажни пророци. Вака ќе проверите дали некој во себе го има Божјиот Дух: ако проповеда дека Исус Христос дојде во човечко тело, тој е од Бога. Секој што не Му оддава признание на Исус, не е од Бога, туку е од Антихристот. За Антихристот сте слушнале дека ќе дојде. Тој е веќе присутен во светот. Чеда мои, вие Му припаѓате на Бог и веќе ги победивте овие непријатели. Божјиот Дух што е во вас е посилен од духот што е во световните луѓе. Тие луѓе му припаѓаат на овој свет. Световно зборуваат и светот ги слуша. Ние, пак, Му припаѓаме на Бог. Тие што Го знаат Бога, не слушаат, а тие што не се на Божја страна, не не слушаат. Така распознаваме дали некој е со Духот на вистината или со духот на заблудата. Драги мои, треба да се сакаме еден со друг, бидејќи љубовта доаѓа од Бог. Секој што ги сака луѓето докажува дека е Божјо чедо и дека Го познава Бога. Оној што не ги сака луѓето докажува дека не Го познава Бога, бидејќи Бог е љубов. Бог ја докажа Својата голема љубов спрема нас, испраќајки Го на овој свет Својот единствен Син, за ние да добиеме вечен живот преку Него. Тоа е вистинска љубов. Не дека ние го сакавме Бога, туку Бог нас не сакаше и Го даде Својот Син како помирителна жртва за нашите гревови. Драги мои, штом Бог покажа толкава љубов спрема нас, и ние треба да се сакаме еден со друг. Никој никогаш не Го видел Бога, но ако еден со друг се сакаме, покажуваме дека Бог живее во нас и Неговата љубов целосно ќе се искаже преку нас. Бог ни го даде Својот Дух како доказ дека сме во Него, а Тој во нас. Со свои очи видовме и им сведочиме на луѓето дека небесниот Татко Го испрати Синот, Исуса, да биде Спасител на светот. Секој што го прифаќа Исуса како Божји Син, го има Бога во себе, а и тој е во Бога. Сега знаеме колку многу Бог не сака и имаме доверба во Него. Бог е љубов! Секој што ги сака луѓето е во единство со Бога, а и Бог е во него. Ако искрено се сакаме и ако живееме онака како што живееше Исус, нема причина да се плашиме од Судниот ден. Љубовта не остава место за страв. Совршената љубов го исклучува стравот, бидејќи стравот подразбира казна, а тој што се плаши нема искрена љубов. Ние возвраќаме со љубов, зашто Бог прв не засака. Ако некој тврди дека има љубов спрема Бог, а мрази некој од христијаните, тој е лажливец. Ако не ги сака христијаните, кои му се пред очи, како ќе може да Го сака Бога, Кого не Го има видено? Христос ни даде ваква заповед: Тој што Го сака Бога, треба да ги сака и христијаните околу себе. Секој што верува дека Исус е Месијата, е препородено Божјо чедо. Секој што го сака Родителот, ќе ги сака и Неговите чеда. По што знаеме дека ги сакаме Божјите чеда? По тоа што Го сакаме Бога и ги извршуваме Неговите заповеди. Да Го сакаме Бога значи да се придржуваме до Неговите заповеди без тие да ни претставуваат бреме. Секој што е препородено Божјо чедо може да надвладее против светот. Таа победа против светот се постигнува преку вера во Христос. Кој друг ќе го победи овој свет, ако не оние што веруваат дека Исус е Божјиот Син!? Христос ни беше објавен како Божји Син преку Неговото крштавање во водата и преку пролевањето на Неговата крв на крстот. Не само преку вода, туку преку вода и крв. Светиот Дух ни сведочи за тоа, а Нему може да Му се верува. Значи постојат тројца сведоци: Духот, водата и крвта, и сведоштвата на сите тројца сведоци се совпаѓаат. Ако прифаќаме сведочење од човек, Божјото сведоштво е уште посилно. Затоа ние го прифаќаме она што Бог ни го сведочи за Својот Син. Секој што верува во Божјиот Син, го има ова сведоштво во своето срце. Оние што не Му веруваат на Бог, Го прогласуваат Бога за лажливец, бидејќи не Му веруваат на сведоштвото што го даде Тој за Својот Син. Сведоштвото кажува дека Бог ни даде вечен живот и тој живот доаѓа од Неговиот Син. Кој го има Божјиот Син, има вечен живот. Кој го нема Божјиот Син, нема вечен живот. Ова ви го напишав за да знаете дека вие што верувате во името на Божјиот Син имате вечен живот. Заради тоа ние имаме доверба во Бог и знаеме дека кога молиме нешто што е во согласност со Неговата волја, Тој ќе ни го исполни. Знаеме дека кога се молиме Тој не слуша и сигурни сме дека на нашите молитви ќе добиеме одговор. Ако некој од вас гледа дека некој христијанин прави грев што не е за смрт, нека се помоли и Бог ќе му даде живот на оној што згрешил. Ова се однесува на гревови што не се смртоносни. Постои и смртоносен грев и јас не велам дека треба да се молите за оние што го извршиле тој грев. Секоја неправедност е грев, но секој грев не е смртоносен. Знаеме дека ниедно Божјо чедо не продолжува постојано да греши, бидејќи Божјиот Син го чува и Ѓаволот не може да допре до него. Ние, христијаните, знаеме дека потекнуваме од Бог, а световните луѓе се под власта на Ѓаволот. Знаеме и дека Божјиот Син дојде и ни даде разум за да Го препознаеме вистинскиот Бог. Затоа ние сме во единство со вистинскиот Бог и со Неговиот Син, Исус Христос. Тој е вистинскиот Бог, Тој е вечниот живот. Чеда Божји, чувајте се од идоли! Од старешината Јован, до почитуваната госпоѓа и до нејзините деца. Имам искрена љубов спрема вас, каква што имаат и сите други што ја знаат Божјата вистина, онаа вистина што живее во нас и што ќе биде со нас засекогаш. Бог Таткото и Неговиот Син, Исус Христос, нека ни бидат благонаклонети, нека ни бидат милостиви и нека ни дадат мир, за да останеме на страната на вистината и да живееме во љубов. Многу се израдував кога дознав дека некои од вашите деца се на вистинскиот пат и се придржуваат до заповедта што ни беше дадена од небесниот Татко. Сега, драга госпоѓо, јас не ви пишувам некоја нова заповед, туку ве молам да се придржувате кон заповедта што ја имаме уште од почетокот: да покажуваме љубов еден спрема друг. А љубовта се докажува преку придржување до Божјите заповеди. Заповедта да покажуваме љубов еден спрема друг ја слушнавме уште од самиот почеток и до неа треба да се придржуваме. Многу измамници се појавија на овој свет. Не признаваат дека Исус Христос дојде на овој свет во човечко тело. Секој што зборува така е измамник и антихрист. Чувајте се, за да не го загубите она за што се трудевме. Борете се да ја добиете целосната награда! Секој што отстапува и не се држи до Христовото учење нема заедништво со Бог. Оној што се држи до Христовото учење има заедништво со небесниот Татко и со Синот - Христос. Ако некој дојде кај вас, и не го носи Христовото учење, немојте да го примате во вашите домови, немојте дури ни добредојде да му посакате. Оној што ќе му посака добредојде станува соучесник во неговите зли дела. Имам уште многу да ви кажам, но не сакам тоа да го сторам вака, со перо и мастило, туку се надевам дека ќе дојдам кај вас и се што имам да ви кажам, ќе ви кажам лице в лице. Верувам дека тоа ќе биде обострано задоволство. Ве поздравуваат децата на вашата сестра, одбрана од Бог. Од старешината Јован, до мојот драг пријател Гај, кого искрено го сакам. Драги пријателе, ти посакувам се добро да ти оди, да бидеш телесно здрав, како што си духовно јак. Многу се израдував кога некои од христијаните дојдоа кај мене и ми потврдија дека ти си на страната на вистината и чекориш по вистинскиот пат. За мене нема поголема радост од тоа да слушнам дека моите чеда чекорат по вистинскиот пат. Драги пријателе, добро правиш што се грижиш и за други христијани, особено за дојдените од други места. Тие пред сите нас во црквата раскажаа за твојата љубов. Добро ќе сториш ако ги испратиш на начин како што прилега пред Бог, бидејќи тие патуваат заради Исусовото име, а не примаат никаква помош од оние што не се христијани. Заради тоа треба да покажеме гостоприемство спрема таквите луѓе, та и ние да земеме учество во ширењето на вистината. Јас им напишав едно кратко писмо на луѓето во црквата, но Диотреф, кој сака да биде водач меѓу нив, не не признава нас. Затоа, ако дојдам, ќе го прекорам за тоа што го прави, напаѓајќи не злобно и неправедно. И тоа не му е доволно, па не само што самиот не ги прифаќа христијаните што доаѓаат во посета, туку и оние што би сакале да ги прифатат ги спречува и ги исклучува од црквата! Драги пријателе, немој да земаш пример од оние што прават зло! Земи ги за пример оние што прават добро! Оној што прави добро е Божјо чедо, а оној што прави зло покажува дека не Го познава Бога. За Димитри сите зборуваат добро. Тоа се потврдува со вистинската порака што тој ја проповеда. И ние имаме добро мислење за него, а ти знаеш дека ние сме искрени. Сакам уште многу нешта да ти кажам, но не сакам вака со перо и мастило. Се надевам дека наскоро ќе те видам и лице в лице ќе си поразговараме. Од Јуда, слуга на Исус Христос и брат на Јаков, до повиканите, оние што Бог Таткото ги сака и Исус Христос ги чува. Бог нека ви даде во изобилие милост, мир и љубов. Драги пријатели, многу сакав да ви пишувам за нашето заедничко спасение што го имаме, но сметам дека е неопходно да ви напишам и да ве охрабрам да ја браните верата што еднаш засекогаш Бог им ја предаде на Своите верни следбеници. Се вовлекоа меѓу вас безбожни луѓе, што ја извртуваат пораката за благонаклоноста на нашиот Бог, за да си го оправдаат сопствениот разврат. Тие не Го признаваат нашиот единствен Владетел и Господ Исус Христос. За нив во Светото Писмо уште одамна е запишано дека ќе бидат осудени. Сакам да ве потсетам на тоа што вие веќе го знаете. Иако Господ го избави својот народ од Египет, сепак потоа ги уништи сите што немаа доверба во Бог. Ангелите што не ги исполнуваа задолженијата што им беа дадени, туку ги напуштија своите места, Тој ги окова во вечни вериги, и ги чува во мрак, се до големиот Суден ден. Содом и Гомора, заедно со околните градови, се оддадоа на блуд и неприродни телесни страсти. Затоа за казна беа фрлени во вечен оган, за да им служат како предупредување на луѓето. На сличен начин и овие луѓе, вообразени мечтатели, од една страна си ги поганат сопствените тела, а од друга ја презираат врховната власт на Бог и ги навредуваат славните суштества. Дури ни архангел Михаел, кога се препираше со Ѓаволот околу телото на Мојсеј, не се осмели да изнесе против него навредливо обвинение, туку рече: „Господ да те прекори!“ Овие луѓе го навредуваат она што не го разбираат. Тие знаат да го прават само она што е инстинктивно, како безумните животни. Тоа ќе ги уништи! Тешко ним, зашто тргнаа по патот на Каин! Како Балаам, за пари се ќе направат! Како и Корах, ќе изгинат поради своето бунтовништво. Овие луѓе се црна дамка на вашите заеднички спомен-вечери. Се гоштаваат со вас без трошка страв. Само за себе се грижат. Тие се облаци што многу ветуваат, но дожд во нив нема. Тие се овошки без плодови во време на берба, двојно мртви, зашто и корењата им се извадени. Тие се разбеснети морски бранови кои како пена ги исфрлаат на брегот своите срамни дела. Тие се заскитани ѕвезди, забревтани кон вечна и најцрна темнина. За таквите луѓе пророкувал Енох, кој живеел во седмата генерација по Адам, кога рекол: „Ете, доаѓа Господ со десетици илјади Свои светии да им суди на сите, да ги осуди безбожниците за сите нивни зли дела, што безбожно ги извршија, за сите навредливи зборови што против Него ги изрекоа безбожните грешници.“ Тие се луѓе што негодуваат и постојано имаат поплаки, а се раководат само од сопствените телесни похоти. Постојано се фалат и им ласкаат на сите од кои можат да имаат некаква корист. Но вие, драги пријатели, помнете го сето она на што ве поучуваа апостолите на нашиот Господ Исус Христос. Тие ви кажаа дека во последните времиња ќе има луѓе што ќе се подбиваат, ќе се раководат само од сопствените страсти и ќе прават безбожни нешта. Тоа се луѓе што создаваат поделби меѓу вас. Живеат онака како што им наложуваат инстинктите, зашто во нив го нема Божјиот Дух. Но вие, драги пријатели, продолжете да ги градите вашите животи врз темелите на нашата света вера. Молете се, водени од Светиот Дух. Во очекување на вечниот живот што милостиво ќе ви го подари нашиот Господ Исус Христос, останете под закрилата на Божјата љубов. Бидете милостиви спрема оние со непостојана вера. Спасувајте луѓе, истргнувајќи ги од огнот. Спрема сите грешници покажете милост, внимавајќи и самите да не се заразите од нивните гревови. А сега, на Оној што е способен да ве зачува од паѓање и Кој со голема радост ќе ве доведе во Неговата беспрекорна слава, на единствениот Бог и наш Спасител преку Исус Христос, нашиот Господ, Нему Му припаѓаат славата, величественоста, власта и моќта уште пред почетокот на времето, и сега, и во сите времиња! Амин. Ова е откровение од Исус Христос. Бог Него Го овласти да им го открие на Своите следбеници она што наскоро ќе се случи. Потоа Христос испрати Свој ангел преку виденија да му ја пренесе пораката на Божјиот слуга Јован. Јован овде верно ја кажува Божјата порака, сведоштвото на Исус Христос и се што видел. Бог ги благословува оние што јавно ги читаат овие пророштва, како и оние што ги слушаат и ги прифаќаат пророштвата запишани во оваа книга. Зашто, предопределеното време за нивно исполнување е на прагот! Од Јован, до седумте цркви во Азија: Ви пожелувам милостива благонаклоност и мир од Бог, Кој постои, Кој отсекогаш постоел и Кој ќе дојде; и од седумкратниот Дух пред Неговиот престол, и од Исус Христос - верниот Сведок, Првороденецот од мртвите и Владетелот над земните цареви. Тој нас не љуби и со Својата крв не откупи од власта на гревот. Тој од нас направи Царство на свештеници кои служат пред Бог, Кој е Негов Татко. Нему Му припаѓаат славата и власта во вечни векови - Амин! Еве Го, доаѓа со небесните облаци! Секое око ќе Го види - дури и оние што Го прободеа! Сите народи на Земјата ќе проплачат поради Него! Да, навистина! Господ Бог, Семоќниот, вели: „Јас сум Алфа и Омега - Оној Кој постои, Кој отсекогаш постоел и Кој ќе дојде!“ Јас сум Јован, ваш брат и сострадалник, кој како следбеник на Исус заедно со вас трпеливо ги поднесувам страдањата што ни доаѓаат нам кои му припаѓаме на Неговото царство. Се наоѓам во прогонство на островот Патмос, поради тоа што ја проповедав Божјата порака и сведочев во полза на Исус. Еден неделен ден, додека општев со Духот, чув како зад мене одекна глас силен како од труба. Гласот ми рече: „Запиши го во книга тоа што ќе го видиш и испрати го до седумте цркви во градовите: Ефес, Смирна, Пергам, Тијатир, Сард, Филаделфија и Лаодикеја.“ Кога се свртев да видам кој ми зборува, видов седум златни свеќници. Таму, меѓу свеќниците, видов Еден што личеше на Синот Човечки, облечен во долга облека до стапалата и препашан околу градите со златен појас. Главата и косата Му беа бели како снежно бела волна, очите Му беа како огнен пламен, стапалата Му блескаа како бронза пречистена во вжарена печка, а гласот Му беше силен како бучава од забревтани води. Во Својата десна рака Тој држеше седум ѕвезди, а од устата Му излегуваше двостран остар меч. Лицето Му болскотеше како Сонцето во полна сила. Кога Го видов, паднав како мртов пред Неговите нозе! Тој ме допре со Својата десна рака и ми рече: „Не плаши се! Јас Сум Првиот и Последниот. Јас Сум Живиот! Бев мртов, но сега Сум вечно жив и ги имам клучевите од смртта и од Адот. Запиши го тоа што го виде: и тоа што е сега и тоа што ќе се случи подоцна. А еве што е таинственото значење на седумте ѕвезди што ги виде во Мојата десна рака, и на седумте златни свеќници: седумте ѕвезди ги претставуваат седумте гласници на седумте цркви, а седумте свеќници ги претставуваат седумте цркви.“ До гласникот на црквата во Ефес, напиши го следново: Ова ви го порачува Оној што ги држи седумте ѕвезди во Својата десна рака и што оди меѓу седумте златни свеќници: Познати Ми се вашите дела, труд и трпение. Знам дека не поднесувате зли луѓе. Кога некои луѓе се прикажувале за апостоли, а не биле, вие сте ги провериле и сте утврдиле дека тие се лажливци. Непоколебливи и неуморни сте, иако имате претрпено многу заради Мене. Но имам нешто против вас: Вие веќе немате таква љубов спрема Мене, каква што имавте на почетокот! Присетете се кај бевте, а кај паднавте сега! Покајте се и постапувајте како на почетокот! Инаку, ако не се покаете, ќе дојдам кај вас и ќе ви го земам свеќникот! Сепак, ова ви е добро: го мразите она што го прават николаитите, како што и Јас го мразам. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите! На оние што ќе извојуваат победа, ќе им дадам да јадат од животодавното дрво што се наоѓа во Божјата градина. До гласникот на црквата во Смирна, напиши го следново: Ова ви го порачува Првиот и Последниот - Оној што умре и оживе: Знам за вашите страдања и сиромаштија, но вие сте богати! Знам и за навредите што ви ги нанесуваат луѓе кои себеси се сметаат за Божји народ, а не се! Тие се сатанско собрание! Не плашете се од страдањата што ве очекуваат. Наскоро, Ѓаволот некои од вас ќе искуша, фрлајќи ги в затвор. Ќе страдате „десетина дена“. Останете Ми верни дури и ако ве осудат на смрт и Јас ќе ве наградам со венецот на животот! Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите! „До гласникот на црквата во Пергам напиши го следново: Ова ви го порачува Оној што држи двострано остар меч: Знам дека живеете во престолнината на Сатаната! Знам и дека цврсто се држите до верата во Моето име. Таму, во жилиштето на Сатаната, вие не се откажавте од верата во Мене ни тогаш кога од вас го зедоа Мојот верен слуга Антипа и го убија. Но имам неколку забелешки против вас: меѓу вас има следбеници на учењето на Балаам. Тој беше оној што го подучи Балак да ги заведе Израелците да јадат месо жртвувано на идоли и да блудничат. Некои од вас, пак, се следбеници на николаитите. Покајте се! Ако не, ќе дојдам кај вас и ќе војувам против тие луѓе со зборови што ќе сечат како меч! Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите: „На секој што ќе излезе како победник, ќе му дадам од скриената манна. Ќе му дадам и бел камен на кој ќе биде впишано едно ново име, што не го знае никој друг, освен тој што ќе го добие.“ „До гласникот на црквата во Тијатир, напиши го следново: Божјиот Син, чии очи се како огнен пламен, а нозе како блескава бронза, ви го порачува следново: Вашите дела ми се познати. Ги знам љубовта, верноста, службата и трпението ваше. Знам дека напредувате и во последно време имате повеќе достигнувања отколку порано. Сепак, имам една забелешка против вас: вие и дозволувате на Изевела, која самата себеси се нарекува пророчица, да ги заведува Моите следбеници учејќи ги да блудствуваат и да јадат месо жртвувано на идоли. Ђ дадов време да се покае, но таа не сака да престане со своето блудство. Внимавајте! Ќе ја казнам со тешка болест што ќе ја врзе за кревет, а нејзините блуднички партнери ќе ги притеснам со големи неволи, доколку не се покаат. Нејзините следбеници ќе ги погубам, за да знаат сите цркви дека Јас Сум Тој што ги суди и мислите и срцата. Со секого од вас ќе постапам онака како што заслужува. А вам останатите во Тијатир, кои не го прифаќате ова погрешно учење и не сте се вклучиле во таканаречените „длабоки тајни“, кои всушност се од Сатаната, ви порачувам дека нема да ви наметнувам дополнителни тешкотии. Само додека се вратам држете се цврсто за учењето што го имате. На оние што ќе излезат како победници - оние што докрај ќе Ми бидат послушни, ќе им дадам власт над народите кои одбиваат да Го почитуваат Бога; тие ќе владеат над нив со железна палка и ќе ги кршат како глинени садови, со иста таква власт каква што примив Јас од Мојот небесен Татко. Ќе им ја дадам и ѕвездата Деница. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“ До гласникот на црквата во Сард, напиши го следново: “Ова ви го порачува Оној што Го држи седумкратниот Божји Дух и седумте ѕвезди: Вашите дела Ми се познати. Иако за вас се говори како за живи, вие сте мртви! Разбудете се и закрепнете го она малку што ви останало, и што е веќе на умирање! Утврдив дека тоа што го правите е далеку од совршено во очите на Мојот Бог! Вратете се на учењето што ви беше предадено и што го чувте на почетокот. Држете се до него и покајте се од вашите гревови. Ако не се разбудите, ќе дојдам кај вас кога најмалку се надевате, како кога упаѓа провалник! Сепак, некои од вас во Сард не си ги извалкаа облеките во грев. Тие ќе Ме придружуваат во бели облеки, бидејќи се достојни за тоа. Секој што ќе излезе како победник ќе биде облечен во бели облеки; нивните имиња никогаш нема да бидат избришани од Книгата на животот. Кога нивните имиња ќе бидат читани во присуство на Мојот небесен Татко и на Неговите ангели, Јас нив јавно ќе ги признаам за Мои. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“ „До гласникот на црквата во Филаделфија напиши го следново: Ова ви го порачува Светиот, Вистинитиот, Оној што ги има клучевите на Давид, Оној што отвора врати и никој не може да ги затвори, а кога ќе затвори - никој не може да отвори! Вашите дела Ми се познати. Пред вас поставувам отворена врата што никој не ќе може да ја затвори! Зашто, и покрај малата сила што ја имате, вие останавте послушни на Мојата порака и не одрековте дека сте следбеници на Моето име. Еве, ќе видите што ќе им направам на припадниците на сатанското собрание, тие лажговци кои тврдат дека се Божји народ, а не се. Ќе ги натерам да дојдат кај вас и да ви клекнат на колена, за да сфатат дека Мојата љубов е спрема вас! Бидејќи вие бевте послушни спрема Мојата порака и издржавте, затоа Јас ќе ве заштитам од времето на искушение што ќе ги зафати сите жители на Земјата. Ќе се вратам набргу! Задржете го цврсто она што го имате и никој нема да ви го земе венецот што ќе го добиете како награда! Секој што ќе излезе како победник ќе стане столб во Храмот на Мојот Бог. Никој не ќе може да го избрка оттаму! Врз секој од нив ќе напишам дека Му припаѓа на Бог и дека е жител на Божјиот град - новиот Ерусалим, што слегува од небото, откај Мојот Бог. Тие ќе го носат на себе Моето ново име. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“ „До гласникот на црквата во Лаодикеја напиши го следново: Ова ви го порачува Тој што е Амин, Верниот Сведок на вистината, Зачетникот на Божјите созданија: Вашите дела ми се познати! Вие не сте ни студени ни жешки! Барем да бевте или студени или жешки! Вака, бидејќи не сте ни жешки ни студени, туку сте млаки - ќе ве изблујам од Мојата уста! Вие велите: ,Богати сме, си имаме напластено големи богатства и ништо не ни треба!‘ Но вие не сте свесни дека сте за жалење: мизерни, бедни, слепи и голи! Ве советувам од Мене да си купите злато во оган пречистено, та да се збогатите; и бели облеки, за да си ја покриете голотијата; и маст за очите, за да прогледате! Јас ги укорувам и ги дисциплинирам сите што ги љубам. Затоа, бидете решителни и покајте се! Еве, Јас стојам пред вратата и тропам. Ако некој Ме чуе и Ми отвори, Јас ќе влезам во неговиот дом и ќе вечераме заедно, како пријатели. Оние што ќе излезат како победници, ќе седат заедно со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и сега заедно со Мојот небесен Татко седам на Неговиот престол. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“ Потоа имав друго видение. На небото видов отворена врата. Тогаш ми проговори истиот глас, силен како од труба, како и на почетокот, и ми рече: „Искачи се овде, за да ти покажам што ќе се случува во иднината!“ Тогаш паднав во занес и таму, на небото, видов престол и Некој што седи на престолот. Ликот на Тој што седеше на престолот Му блескаше како скапоцените камења јаспис и карнеол. Околу престолот имаше круг од божилак, со боја на смарагд. Исто така, околу централниот престол имаше дваесет и четири други престоли. На нив седеа дваесет и четири старешини, облечени во бели облеки, со златни венци на главите. Од централниот престол излегуваа молскавици, грмежи и татнежи. Пред престолот гореа седум факли кои Го претставуваа седумкратниот Божји Дух. Исто така, пред престолот се простираше нешто што прилегаше на стаклено море, бистро како кристал. Околу централниот престол имаше четири живи суштества полни со очи и однапред и одназад. Првото суштество беше како лав, второто како јунец, третото со лице на човек, а четвртото беше како орел во лет. Секое суштество имаше по шест крилја, и беа полни со очи и однадвор и однатре. Овие суштества деноноќно и без прекин викаат: “Свет е, свет е, свет е Господ, Семоќниот Бог, Кој отсекогаш постоел, постои и ќе дојде!“ Секојпат кога четирите суштества Му оддаваа слава, чест и благодарност на Оној што седеше на престолот - на Вечно Живиот - во истиот миг дваесет и четирите старешини паѓаа ничкум и Му се поклонуваа на Вечно Живиот, положувајќи ги своите венци пред престолот и говорејќи: „Достоен Си, Господе и Боже наш, да примиш слава, чест и власт, зашто Ти си Творецот на се, и се што постои, Тебе Ти го должи своето постоење и создавање!“ Потоа, во десната рака на Оној што седеше на престолот забележав Книга испишана и однадвор и однатре, запечатена со седум печати. Тогаш видов и еден силен ангел кој со многу силен глас запраша: „Кој е достоен да ја отвори Книгата, да ги скрши нејзините печати?“ Но не се најде никој, ни на небото, ни на Земјата, ниту пак во Подземниот свет, што можеше да ја отвори Книгата и да ја прочита. Јас многу плачев поради тоа што не се најде ниту еден што ќе биде достоен да ја отвори Книгата и да ја прочита. Тогаш еден од старешините ми рече: „Не плачи! Еве Го Победникот - Лавот од племето на Јуда, Давидовиот Потомок - Тој ќе ги скрши печатите и ќе ја отвори Книгата!“ Тогаш погледнав и Го видов Јагнето. Стоеше сред престолот, опкружено со четирите суштества и со дваесет и четирите старешини. Јагнето имаше лузна како некогаш да било заклано. Имаше седум рогови и седум очи, кои Го претставуваа седумкратниот Божји Дух испратен по целата Земја. Јагнето пристапи и ја зеде Книгата што ја држеше во десната рака Седнатиот на престолот. Кога Јагнето ја зеде Книгата, четирите суштества и дваесет и четирите старешини паднаа ничкум пред Него. Секој од нив во рацете имаше харфа и златен пехар полн со запален темјан, што ги претставуваше молитвите на Божјите луѓе. Тие пееја нова песна со следниве зборови: ,Ти Си достоен да ја земеш Книгата, да ги скршиш нејзините печати и да ја отвориш, зашто Ти беше убиен и со Својата крв откупи за Бог луѓе од сите племиња, јазици, народи и раси. Нив ги направи Божјо царство и Негови свештеници кои ќе владеат на Земјата.“ Во моето видение понатаму чув песни од многубројни ангели собрани околу престолот, околу четирите суштества и околу старешините. Бројот на ангелите беше многу милиони и тие пееја громогласно, во хор: “Јагнето што беше убиено е достојно да добие власт, богатство, мудрост, моќ, чест, слава и благослов!“ Тогаш чув како проговорија сите суштества на небото, на земјата, под земјата и во морето. Сите пееја здружени во хор: “Благослов, чест, слава и моќ за Оној што седи на престолот и за Јагнето, за вечни векови!“ А четирите суштества одговараа: „Амин!“, додека дваесет и четирите старешини паднаа ничкум и им се поклонија на Бог и на Јагнето. Кога видов како Јагнето го отвора првиот од седумте печати, се огласи едно од четирите суштества, кое громогласно рече: „Дојди!“ Наеднаш пред мене се појави еден бел коњ. Коњаникот што јаваше на него беше вооружен со лак. Нему му беше даден венец, бидејќи досега победувал, а и сега излезе за да остварува нови победи. Кога Јагнето го отвори вториот печат се огласи второто суштество, кое извика: „Дојди!“ Тогаш се појави друг коњ, црвен. На коњаникот што јаваше на црвениот коњ му беше даден еден голем меч и му беше дозволено да го одземе мирот од Земјата. И луѓето почнаа меѓусебно да се убиваат. Кога Јагнето го отвори третиот печат, се огласи третото суштество и рече: „Дојди!“ Наеднаш пред мене се појави еден црн коњ. Коњаникот што јаваше на црниот коњ во раката држеше терезија. Потоа чув глас што доаѓаше откај четирите суштества и го кажуваше следното: „Килограм пченица ќе ве чини една дневница, три килограми јачмен ќе ве чинат една дневница, а маслото и виното ќе треба да ги штедите!“ Кога Јагнето го отвораше четвртиот печат, се огласи четвртото суштество, кое рече: „Дојди!“ Наеднаш пред мене се појави сиво-зелен коњ. Коњаникот што јаваше на сиво-зелениот коњ се викаше ,Смрт‘, а во негова придружба беше Адот. Ним им беше дадена власт над една четвртина од Земјата, за да убиваат со меч, со глад, преку болести и преку диви ѕверови. Кога Јагнето го отвори петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите на луѓето што биле убиени поради нивната вера и проповедање на Божјата порака. Тие гласно Му се обраќаа на Господ: „Свет и верен Господару! До кога ќе ја одложуваш пресудата и одмаздата за нашата крв над жителите на Земјата!?“ Тогаш на сите ним им беше дадена бела облека и им беше кажано да се стрпат уште малку време, додека не им се придружат сите другари и сотрудници што ќе бидат убиени како и тие. Гледав, понатаму, како Јагнето го отвора шестиот печат. Тогаш се случи силен земјотрес, Сонцето поцрне како црна облека, а Месечината поцрвене како крв. Ѕвездите од небото испопаѓаа по Земјата, како што паѓаат смокви под дејство на силен ветер. Небото се свитка како хартија и исчезна, а сите планини и острови се изместија. На Земјата сите цареви, великани, воени команданти, богати и влијателни луѓе, робови и слободни - сите се засолнуваа во пештери и во засолништа под планините. Тие им довикуваа на планините и на карпите: „Урнете се врз нас и затрупајте не, скријте не од лицето на Оној што седи на престолот и од лутиот гнев на Јагнето! Зашто дојде страшниот ден на Нивниот гнев и кој може да го издржи!?“ Потоа видов четири ангели кои стоеја на четирите страни на Земјата. Тие ги задржуваа ветровите од четирите страни на Земјата да не дуваат ни на земјата, ни на морето ниту пак на дрвјата. Потоа забележав еден друг ангел како доаѓа од исток. Тој го носеше печатот на Живиот Бог. Со многу силен глас тој им се обрати на четирите ангели на кои Бог им беше дал власт да ги пустошат земјата и морињата: „Не пустошете ни по земјата, ни по морињата, ниту пак по дрвјата, додека не ги обележам со печат в чело Божјите слуги!“ Тогаш го слушнав и бројот на обележаните со Божјиот печат: тие беа вкупно сто и четириесет и четири илјади души, од сите племиња на Израел, и тоа: .000 од племето на Јуда, 12.000 од племето на Реувен, 12.000 од племето на Гад, .000 од племето на Ашер, 12.000 од племето на Нафтали, 12.000 од племето на Менаше, .000 од племето на Шимон, 12.000 од племето на Левиј, 12.000 од племето на Исахар, .000 од племето на Зевулун, 12.000 од племето на Јосиф и 12.000 од племето на Бинјамин. Потоа погледнав и наеднаш пред мене се појави множество народ, кое никој не можеше да го изброи. Имаше луѓе од секоја раса, од секое племе, народ и јазик. Тие стоеја пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете, и на цел глас пееја: “Спасението е дело на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!“ Сите ангели, кои стоеја околу престолот, околу старешините и околу четирите суштества паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог, велејќи: “Амин! На нашиот Бог Му припаѓа благослов, слава, мудрост, благодарност, чест, власт и моќ! Амин!“ Еден од старешините ме праша: „Знаеш ли кои се и од каде доаѓаат овие што се облечени во бели облеки?“ Јас му одговорив: „Господине, Ти го знаеш тоа!“ Тогаш тој ми рече: „Тоа се оние што минаа низ големи страдања. Тие ги избелија своите облеки перејќи ги во крвта на Јагнето. Затоа сега стојат пред Божјиот престол и деноноќно Му служат во Неговиот храм. А Тој што седи на престолот ќе ги заштитува со Своето присуство. Тој никогаш нема да дозволи тие да гладуваат или да ожеднат, ниту пак да ги пече Сонцето или некоја друга горештина. Јагнето, Кое е на средината на престолот, ќе им биде Пастир и ќе ги пои со животодавна вода. И Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи.“ Кога Јагнето го отвори седмиот печат, на небото настапи полчасовен молк. Потоа забележав дека на седумте ангели што стоеја пред Бог им беа разделени седум труби. Во тој момент еден друг ангел, кој носеше златна кадилница, дојде и застана врз жртвеникот. Нему му беше дадено големо количество темјан да го принесе заедно со молитвите на Божјите луѓе, на златниот жртвеник, пред престолот. Тогаш од раката на ангелот се подигна дим од темјанот и од молитвите на Божјите луѓе и втаса до Бог. Потоа ангелот ја зеде кадилницата, ја наполни со жар од жртвеникот и го истури врз Земјата. Од тоа зататнеа грмотевици, болснаа молскавици, а Земјата почна да се тресе. Седумте ангели кои ги имаа седумте труби се подготвија да затрубат. Првиот ангел затруби и врз Земјата се истурија град и оган, измешани со крв! Од нив се запали една третина од Земјата и изгоре една третина од дрвјата и сето зеленило. Вториот ангел затруби и нешто како пламната гора беше фрлено во морето. Од тоа, една третина од морето се претвори во крв, една третина од живиот свет во морето изгина и една третина од бродовите потонаа. Третиот ангел затруби и од небото падна една голема ѕвезда. Таа гореше како факел и падна врз една третина од реките и изворите. Ѕвездата беше наречена Пелин и од неа стана горчлива една третина од водата за пиење. Голем број луѓе изумреа од горчливата вода. Четвртиот ангел затруби и една третина од Сонцето, една третина од Месечината и една третина од ѕвездите беа погодени и сите тие загубија по една третина од својата светлина. Така и една третина од денот и една третина од ноќта останаа без светлина. Во моето видение тогаш забележав еден орел како лета високо сред небото. Орелот громогласно извикуваше: „Тешко, тешко, тешко на жителите на Земјата од трубењето на следните тројца ангели!“ Петтиот ангел затруби и видов една ѕвезда како паѓа од небото на Земјата. Нејзе и беа дадени клучевите од јамата што води до Бездната. Кога таа ја отвори јамата на Бездната, низ неа излезе дим како од огромна печка. Од димот поцрнеа и Сонцето и воздухот. Од истиот дим излегоа рој скакулци и ја наполнија Земјата. Ним им беше дадена моќ да касаат како скорпии. На скакулците им беше наредено да не ги пустошат ни тревата ни другото зеленило, ниту пак дрвјата, туку да ги напаѓаат само луѓето кои го немаат Божјиот печат на своите чела. Тие имаа наредба да не ги убиваат луѓето, туку да ги измачуваат пет месеци. Болката од нивниот убод е слична на болка при убод од скорпија. Во тоа време, луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат, ќе сакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив. Скакулците изгледаа како коњи подготвени за борба. На главите имаа нешто како златни венци, а лицата им беа човечки. Гривите им беа како на долгокоса жена, а забите - како заби на лав. Имаа оклопи како од железо, а шумот од нивните крилја правеше бучава како армија од бојни коли што јурат во бој! Имаа и опашки, со осила слични како на скорпии; со кои можеа да ги измачуваат луѓето пет месеци. Тие имаа и свој цар - тоа беше ангелот на Бездната, чие име на хебрејски е Абадон, а на грчки - Аполион. Првата мака помина, но еве, доаѓаат уште две! Шестиот ангел затруби и чув глас што проговори од четирите рогови на златниот жртвеник, поставен пред Бог. Гласот му беше упатен на шестиот ангел со труба, и му рече: „Одврзи ги четирите ангели кои се врзани покрај големата река Еуфрат!“ Овие четири ангели биле определени токму за овој час, ден, месец и година. Сега беа одврзани за да погубат една третина од вкупниот број жители на Земјата. Го чув и бројот на нивната војска: тој изнесуваше двесте милиони коњаници! Во моето видение ги видов коњите и коњаниците; околу градите коњаниците носеа огнено-црвени, темно-сини и жолти оклопи. Коњите имаа глави слични на лавовските, а од устите им излегуваа оган, дим и сулфур. Една третина од жителите на Земјата загина од трите разурнувачки дејства на огнот, димот и сулфурот што излегуваа од устите на коњите. Убиствената сила на коњите им беше во устите и во опашките. Опашките им беа како на змии и имаа глави со кои ги повредуваа луѓето. Но луѓето што преживеаја низ сите овие страдања не се одвратија од своите злосторства, ниту пак престанаа да им се клањаат на демоните. Продолжуваа да боготворат идоли направени од злато, од сребро, од бронза, од камен или од дрво - идоли што ниту гледаат, ниту слушаат, ниту пак се движат. Не престанаа ни со убиствата, ни со гатањата, ни со блудството, ниту пак со крадењето. Потоа забележав еден друг силен ангел како слегува од небото. Беше обвиткан со облак, а над главата имаше божилак. Лицето му светеше како сонце, а нозете - како огнени столбови. Во рацете држеше отворена книшка. Десната нога му беше врз морето, а левата врз копното. Тој проговори со глас како лавовски рев. Во одговор се огласија седум грмотевици. Кога се огласија седумте грмотевици сакав да го запишам тоа што го рекоа тие, но еден глас од небото ми рече: „Не запишувај го тоа што го рекоа седумте грмотевици; тоа нека остане тајна!“ Тогаш, ангелот што го видов порано со едната нога врз морето а со другата врз копното ја крена својата десна рака кон небото и се заколна во името на Вечно-Живиот, Творецот на небото, на Земјата, на морето и на секое живо суштество во нив, велејќи: „Одлагање повеќе ќе нема! Штом ќе затруби седмиот ангел ќе се исполнат Божјите тајни планови, како што Тој им навестуваше на Своите слуги - пророците!“ Тогаш пак ми проговори гласот од небото и ми рече: „Оди, земи ја отворената книшка од раката на ангелот кој стои врз морето и врз копното.“ Кога отидов кај ангелот да му ја побарам книшката, тој ми рече: „Земи ја и изеди ја! Таа во устата ќе ти биде блага како мед, но кога ќе ја проголташ во стомакот ќе ти стане горчлива!“ Ја зедов книшката од ангелот и ја изедов; во устата ми беше слатка како мед, но кога ја проголтав, ми ја загорчи целата утроба. Тогаш ми беше речено: „Ќе треба да продолжиш да ја проповедаш Божјата пророчка порака за она што ќе се случи со луѓето од многубројните народи, раси, јазици и со нивните цареви.“ Потоа ми беше даден еден дрвен метар за мерење и ми беше речено: „Измери го Божјиот храм, жртвеникот и изброј ги сите богослужители во храмот! А дворот околу храмот изостави го и не мери го. Тој дел им е предаден на нееврејските народи; четириесет и два месеци тие ќе газат по светиот град. Потоа Јас ќе испратам двајца Мои пророци, кои облечени во траурни облеки ќе проповедаат илјада двесте и шеесет дни. Овие двајца пророци се двете маслинови дрвја и двата свеќници што се наоѓаат пред Господарот на Земјата. Доколку некој се обиде да им напакости, оган ќе излезе од нивните усти и ќе ги погуби нивните непријатели! На таков начин ќе биде погубен секој што ќе се обиде да им напакости. Тие ќе бидат овластени да го затворат небото за да не врне дожд, за време на нивното пророкување. Ќе им биде дадена моќ да ги претвораат водите во крв и да ја казнуваат Земјата со секакви неволи, колку што пати ќе посакаат. Кога двајцата пророци ќе завршат со своето проповедање, ќе се појави Ѕверот што живее во Бездната и ќе војува против нив; тој ќе ги надвие и ќе ги убие. Нивните мртви тела ќе бидат изложени на плоштадот во големиот град, во кој беше распнат и нивниот Господ. Според духовната состојба во него, тој град може да се нарече „Содом“ и „Египет“. Три и пол дена, луѓе од секој народ, племе, јазик и раса ќе доаѓаат да ги гледаат нивните тела и нема да дозволат телата да бидат погребани. Луѓето што се врзани само за овој свет ќе се веселат и ќе се радуваат, ќе си даваат подароци едни на други, зашто овие двајца пророци им нанесуваа големи страдања. Но по три и пол дена, во нивните тела ќе се врати животодавниот дух од Бог и тие ќе станат. Голем страв ќе ги зафати оние што ќе ги гледаат! Тогаш чув глас од небото, кој на двајцата пророци им рече: „Искачете се овде!“ Пред очите на нивните непријатели, тие во облак се вознесоа на небото. Во исто време, градот го погоди страшен земјотрес. Една десетина од градот беше разурната, а седум илјади души загинаа. Преживеаните ги обзеде голем страв и Му оддадоа слава на небесниот Бог. Втората мака помина, но еве, веќе пристигнува и третата! Седмиот ангел затруби и од небото зататнеа силни гласови, кои говореа: „Власта над целиот свет Му припаѓа на нашиот Господ и на Неговиот Помазаник, Кој ќе владее во вечни векови!“ Тогаш дваесет и четирите старешини што седеа на своите престоли пред самиот Бог, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог, говорејќи: „Господе, Семоќен Боже, Ти Којшто постоиш, и Кој отсекогаш си постоел: Ти благодариме, што најпосле во Свои раце ја презеде големата власт и што Твоето владеење започна! Народите кои не Те почитуваат го истурија својот бес, но сега дојде времето на Твојот гнев! Дојде време да им се суди на умрените, да се наградат Твоите слуги, пророците, и сите Божји луѓе - оние што имаат страхопочит спрема Твоето име, мали и големи. Дојде време да бидат уништени уништувачите на Земјата!“ Во тој миг се отвори вратата на Божјиот храм што се наоѓа на небото и се виде Ковчегот на Заветот. Болснаа молскавици, зататнеа грмежи, Земјата ја погоди земјотрес и врнеж од огромни зрна град!“ Потоа на небото се покажа една чудна појава: жена облечена со Сонцето. Под нејзините нозе беше Месечината, а на главата имаше венец со дванаесет ѕвезди. Жената се породуваше и врескаше од породилни болки. Тогаш и друга глетка се појави на небото: еден голем црвен Змеј со седум глави и десет рогови; на секоја од седумте глави имаше круна. Со својата опашка Змејот завлече една третина од ѕвездите на небото и ги собори долу на Земјата. Потоа Змејот се упати кон жената за да и го погуби Детето, откако ќе Го роди. Жената роди Син, Кој ќе владее над сите народи со железен скиптар. Синот беше издвоен и однесен кај Бог, на Неговиот престол. Жената, пак, побегна во пустината, на местото што Бог го беше приготвил како засолниште за неа - таму да биде згрижена илјада двесте и шеесет дни. Тогаш изби војна на небото: Михаел и ангелите под негова команда завојуваа против Змејот и неговите ангели. Змејот беше поразен и тој и неговите ангели беа исфрлени од небото. Големиот Змеј, старата Змија, што ги мами сите жители на Земјата, познат како Ѓавол и Сатана, беше фрлен на Земјата, заедно со неговите ангели. Потоа чув глас од небото, кој рече: „Сега дојде спасението и Царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Помазаник, бидејќи тужителот на Божјите луѓе, кој деноноќно ги обвинува пред нашиот Бог, е исфрлен! Тие го победија преку крвта на Јагнето и со вистината што ја проповедаа, за која храбро ги жртвуваа и сопствените животи. Затоа, нека се весели небото со сите свои жители! А тешко си им на Земјата и на морето, бидејќи Ѓаволот е фрлен кај нив! Тој е силно разгневен, зашто знае дека му преостанува уште само малку време!“ Кога Змејот виде дека е исфрлен на Земјата почна да ја прогонува жената што го роди Синот. Но на жената и беа дадени две крилја како на голем орел, за да може да се скрие во пустината. Таму таа се избави од Змијата и беше згрижена за време од три и пол години. Тогаш Змијата од својата уста испушти млаз од вода како река, обидувајќи се да ја однесе жената со водената струја. Но Земјата и притекна на помош на жената и ја голтна реката што излезе од устата на Змејот. Поради тоа, Змејот се разгневи на жената. Тој тргна во војна против останатите нејзини потомци - против оние што ги извршуваат Божјите заповеди и што Му се верни на Исусовото дело и учење. Змејот застана на морскиот брег. Потоа забележав како од морето излегува еден Ѕвер со десет рогови и седум глави. На секој од десетте рогови носеше круна, а на секоја глава носеше натписи со богохулни имиња. Ѕверот имаше тело како од леопард, нозе како од мечка, а уста како од лав. Змејот му ги предаде на Ѕверот својата моќ, својот престол и својата голема власт. Забележав дека една од главите на Ѕверот му беше смртоносно ранета. Но смртоносната рана му зарасна и сите жители на Земјата се занесоа по Ѕверот: Тие почнаа да го обожаваат Ѕверот и да му се клањаат на Змејот што му ја беше дал сета своја власт на Ѕверот. Му се клањаа и на Ѕверот и говореа: „Кој е како Ѕверот и кој може да му се противстави!?“ На Ѕверот му беше дозволено да се нафрли и да Го навредува Бога, и да владее четириесет и два месеци. Тогаш Ѕверот отвори уста и почна да Го навредува Бога, да ги хули Неговото име, Неговото живеалиште, како и небесните жители. На Ѕверот му беше дозволено да војува против Божјите луѓе и да ги надвие. Му беше дадена власт над секое племе, народ, јазик и раса. На Ѕверот ќе му се поклонуваат сите оние жители на Земјата чии имиња уште пред создавањето на светот не се запишани во Книгата на животот што Му припаѓа на Јагнето, Кое беше убиено. Ако имате слух - слушајте! Кој е определен за ропство - ќе падне во ропство; кој е определен да загине од меч - ќе загине од меч! А Божјите луѓе се повикани на трпеливост и верност! Потоа видов и втор Ѕвер. Тој излегуваше од Земјата. Имаше два рога како јагне, но зборуваше со глас на змеј. Овој Ѕвер е во служба на првиот Ѕвер, кој имаше смртоносна рана што му зарасна. Тој ќе ја користи сета своја власт да ги натера сите луѓе на Земјата да му се клањаат на првиот Ѕвер. Притоа, тој ќе извршува и големи чуда; ќе направи дури и оган од небото да паѓа, пред очите на луѓето. Целта на вториот Ѕвер е да ги заведе луѓето на Земјата, со чудата што ќе ги извршува. Тој ќе ги убеди луѓето да му направат икона на Ѕверот што беше смртно ранет со меч, но преживеа. Нему ќе му биде дозволено да внесе живот во иконата, која ќе проговори и ќе ги убива сите што нема да му се клањаат на Ѕверот. Тој ќе ги принуди сите луѓе - мали и големи, богати и сиромаси, слободни или робови - да бидат обележени на десната рака или на челото. Без тој белег никој не ќе може ништо да купува или да продава. Белегот ќе биде името на Ѕверот или бројот што ќе го претставува неговото име. Потребна е мудрост за да се разбере ова. Тој што е прониклив, ќе може да го открие значењето на бројот на Ѕверот. Бројот се однесува на човек и изнесува 666. Понатаму, во моето видение Го видов Јагнето како стои на гората Сион. Со Него стоеја 144.000 луѓе кои на своите чела го носеа напишано Неговото име и името на Неговиот небесен Татко. Тогаш од небото чув громогласен звук како од силен водопад. Звукот прилегаше на музика од голем број свирачи на харфи. Таму, пред Божјиот престол, пред четирите живи суштества и пред старешините, стоеја 144.000 души откупени од Земјата и пееја една нова песна што ја знаеја само тие. Овие луѓе се духовно неопоганети, чисти како девственици и Го придружуваат Јагнето секаде каде што оди. Тие се откупени меѓу луѓето и први ќе бидат претставени пред Бог и пред Јагнето. Нивните усти никогаш не изговориле лага; тие се луѓе без пороци. Потоа забележав еден друг ангел кој леташе во небесните височини. Тој го носеше вечното Евангелие за да им го проповеда на луѓето од сите раси, племиња, јазици и народи на Земјата. Ангелот говореше со мошне силен глас, велејќи: „Покажете страхопочит спрема Бог, зашто дојде времето Тој да им суди на сите! Поклонете Му се на Создателот на небото, на Земјата, на морињата и на водените извори!“ По него настапи уште еден ангел и извика: „Падна, падна големиот Вавилон - градот што со своето жестоко вино и со својот неморал ги опиваше и ги заведуваше сите народи!“ По вториот ангел настапи и трет ангел, кој со сиот глас викаше: „Секој што ќе му се поклони на Ѕверот и на неговата икона, и ќе прими белег на своето чело или на својата рака, ќе го пие жестокото вино на Божјиот гнев, што е веќе налеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен во оган и запален сулфур, во присуство на светите ангели и на Јагнето! Димот од нивното мачење ќе се крева во вечни векови и тие нема да имаат спокојство ни дење ни ноќе! Таква ќе им биде казната на оние што ќе му се поклонат на Ѕверот и на неговата икона и ќе го примат белегот на неговото име. А Божјите луѓе се повикани на трпеливост, на послушност спрема Божјите заповеди и на вера во Исус. Потоа еден глас од небото ми рече: „Запиши го ова: Благословени се оние што отсега натаму умираат со вера во Господ!“ А Духот одговори: „Да, тие ќе отпочинат од своите напори, зашто резултатите од нивниот труд ќе ја продолжат службата!“ Потоа во моето видение забележав еден блескаво бел облак. На него седеше Некој што личеше на Синот Човечки, со златен венец на главата и остар срп во раката. Тогаш од храмот излезе еден друг ангел и на цел глас Му рече на Оној што седеше на облакот: “Замавни со српот и почни да жнееш, зашто дојде времето за жетва; Земјата е зрела за жетва!“ Тогаш Оној што седеше на облакот замавна со српот и ја ожнеа Земјата. Потоа од Храмот на небото излезе и друг ангел; и тој имаше остар срп во раката. Во тој миг откај жртвеникот излезе уште еден ангел - кој го надгледуваше огнот на жртвеникот - и со силен глас му се обрати на ангелот со остриот срп: „Замавни со својот срп и обери го сето грозје од лозјето на Земјата, зашто тоа е веќе узреано!“ Тогаш ангелот замавна со српот и го обра сето грозје на Земјата и го собра во големата каца на Божјиот гнев. Грозјето во кацата беше изгмечено надвор од градот. А кога се гмечеше, од кацата се разлеа река од крв долга околу триста километри, чија длабочина досегаше до уздите на коњите. Потоа на небото видов уште една чудесна и величествена глетка. Седум ангели ги носеа последните седум стравотни неволи, со кои ќе се доврши Божјиот гнев. Потоа видов некои луѓе со харфи во рацете како стојат на нешто што прилегаше на стаклено море измешано со оган. Тоа беа оние што го победија Ѕверот и неговата икона, како и бројот што го претставува неговото име. Тие ја пееја песната што ја пеел Божјиот слуга Мојсеј, и песната на Јагнето, со следниве зборови: „Величествени и прекрасни се Твоите дела, Господе, Семоќен Боже! Праведни и правилни се Твоите постапки, Царе над народите! Како да не Те почитуваме, Господе, како да не Го славиме Твоето име!? Само Ти Си свет, сите народи ќе дојдат Тебе да ти се поклонат, зашто се покажа дека Твоите постапки се праведни!“ По ова, забележав дека ширум се отвори Храмот на небото, односно Шаторот на Божјото присуство. Од Храмот излегоа седумте ангели што ги носеа седумте стравотни неволи. Тие беа облечени во чисти, бели облеки од ленено платно, а преку градите беа препашани со златни појаси. Едно од четирите живи суштества му даде на секој ангел по една златна чаша - вкупно седум чаши полни со Божји гнев, од Оној што живее во вечни векови! Храмот бргу се наполни со дим од болскотот и силата Божја и никој не можеше да влезе во Храмот се додека седумте ангели не ги истурија седумте чаши на последните стравотни неволи. Потоа од Храмот се огласи еден громок глас кој на седумте ангели им рече: „Одете и истурете ги врз Земјата седумте садови на Божјиот гнев!“ Првиот ангел отиде и го истури својот сад врз Земјата. Тогаш на луѓето што го имаа белегот на Ѕверот и и се поклонуваа на неговата икона им излегоа чиреви што страшно болеа. Вториот ангел го истури својот сад врз морето. Морето веднаш стана како крв од мртовец и пцовисаа сите живи суштества во него. Третиот ангел го истури својот сад врз реките и водните извори и тие се претворија во крв. Тогаш проговори ангелот што ги надгледуваше водите: „Свети Боже, Ти, Кој постоиш и Кој отсекогаш си постоел! Праведно постапи што ги казни на таков начин, зашто тие им ја пролеаја крвта на светите пророци! Сега нивните убијци нека пијат крв, зашто тоа го заслужуваат!“ Тогаш и глас од жртвеникот проговори и рече: „Да, Господе, Семоќен Боже; Твоите пресуди се правилни и праведни!“ Четвртиот ангел го истури својот сад врз Сонцето и тоа почна да ги пече луѓето како оган. Луѓето се печеа на големата горештина и го навредуваа Божјото име на небото; но никој од нив не се обрати и не Му ја призна славата што Му припаѓа на Бог. Петтиот ангел го истури својот сад врз престолот на Ѕверот. Наеднаш неговото царство го зафати темнина, а поданиците од растројства си ги гризеа јазиците, но и го навредуваа името на небесниот Бог поради страдањата и чиревите. Никој од нив не престана да врши зли дела. Шестиот ангел го истури својот сад врз големата река Еуфрат и таа пресуши. Тоа им овозможи премин на царевите од Исток со своите војски. Потоа забележав како од устите на Змејот, на Ѕверот и на лажниот Пророк излегоа три зли духови, кои личеа на жаби. Тоа се демонски духови кои имаат моќ да прават чуда. Тие ќе отидат кај сите владетели по целиот свет и ќе ги соберат на заедничка војна против Семоќниот Бог. Но тоа ќе биде ден на голема Божја победа! Припомнете си што рече Исус: „Внимавајте, зашто ќе дојдам ненадејно, како провалник! Но Бог ќе ве благослови, ако останете внимателни и подготвени; ако ја зачувате својата „облека“, за да не ви се открие „голотијата“, од која ќе се засрамите!“ Тие војски ќе се соберат на местото кое на хебрејски се вика Хар Мегидо. Седмиот ангел го истури својот сад во воздухот и во истиот миг од престолот во Храмот се огласи многу силен глас, кој рече: „Завршено е!“ Тогаш болснаа молскавици, зататнеа громови и Земјата ја погоди таков силен земјотрес, каков што никогаш дотогаш не се случил откога постои човекот на Земјата! Големиот град Вавилон се распука на три дела, а и други градови меѓу народите беа разурнати. Бог си спомна за гревовите на големиот Вавилон и го натера да пие од чашата со жестоко вино на Неговиот гнев! Сите острови исчезнаа, а и планините ги снема. Крупен град со големина на зрната над триесет килограми се истури од небото врз луѓето, а тие Го навредуваа Бога, поради стравотниот град што ги погоди. Потоа еден од седумте ангели што ги истурија седумте садови дојде кај мене и ми рече: „Дојди да ти покажам како Бог ќе и пресуди на бесрамната блудница - таа што седи над многу води. Со неа блудничеа сите земни владетели; таа ги опи жителите на Земјата со своите бесрамни постапки, како со опојно вино.“ Ангелот ме пренесе со духот во пустината; таму видов една жена качена на црвен Ѕвер. Ѕверот беше полн со богохулни натписи и имаше седум глави и десет рогови. Жената беше облечена во пурпурно-црвени облеки и носеше накит од злато, скапоцени камења и бисери. Во раката таа држеше златна чаша полна со гнасните и валкани дела на нејзиниот неморал. На челото и беше напишан натпис што има таинствено значење и гласи: „Јас сум величествениот Вавилон, мајка на блудниците и гнасотиите на Земјата“ Забележав дека жената беше пијана од крвта на Божјите луѓе и од крвта на Исусовите следбеници. Оваа глетка многу ме изненади и ме зачуди. Затоа ангелот ми рече: „Што се чудиш? Јас ќе ти ја објаснам тајната за оваа жена и за Ѕверот со седум глави и со десет рогови што ја носи: Ѕверот што го виде, порано постоеше, а сега го нема. Тој од Бездната ќе излезе уште еднаш, но само за да заврши во пропаст. Сите жители на Земјата чии имиња не се запишани во Книгата на животот уште пред создавањето на светот, ќе се зачудат кога ќе го видат Ѕверот кој постоеше, а сега го нема, како се појавува уште еднаш. За ова е потребна мудрост и проникливост! Седумте глави на кои седи жената, се седум ридови. Истовремено, седумте глави претставуваат седум владетели. Пет од нив веќе паднаа, шес-тиот владее сега, а седмиот допрва треба да дојде. Кога ќе дојде тој, ќе владее само кратко време. Понатаму, ти го виде и црвениот Ѕвер кој постоеше, а сега повеќе го нема. Ѕверот е, всушност, еден од седумте владетели кој повторно ќе се појави како осми по ред, но ќе биде уништен. Десетте рогови што ги виде претставуваат десет други владетели, кои се уште не се на власт, а ќе дојдат на власт заедно со Ѕверот и ќе владеат само кратко време. Сите тие едногласно ќе се сложат да му ја предадат сета власт и сите свои овластувања на Ѕверот. Овие владетели ќе војуваат против Јагнето, но Јагнето, придружувано од повиканите, избраните и верни следбеници, ќе ги победи, бидејќи Тоа е Господар над господарите и Владетел над владетелите.“ Ангелот продолжи да ми објаснува: “Големите води што ги виде, врз кои седеше блудницата, претставуваат многу луѓе, од сите раси и јазици. Но десетте рогови, кои ги претставуваат десетте владетели и црвениот Ѕвер, ќе почнат да ја мразат бесрамната блудница. Тие наполно ќе ја опустошат и соголат, месото ќе и го изедат, а нејзе на оган ќе ја изгорат, зашто, под влијание на Бог, овие владетели едногласно ќе се сложат да му ја предадат сета своја власт на црвениот Ѕвер. Со тоа ќе се остварат Божјите планови. А жената што ја виде, го претставува големиот град што управува со сите владетели на Земјата.“ Потоа видов еден друг ангел како слегува од небото. Тој имаше голема моќ и од неговиот сјај светна и Земјата. Ангелот извика со силен глас: „Падна, падна големиот Вавилон и се претвори во живеалиште на демони, гнездо на сите нечисти духови и гнасни птици, дувло на сите гнасни животни! Зашто сите народи ги опијани со жестокото вино на својот блуд! Сите владетели на Земјата блудничеа со вавилонската блудница, а сите трговци на Земјата се богатеа од нејзината необуздана похот“! Тогаш од небото се јави еден друг глас, кој рече: „Истапи од вавилонската блудница, народе Мој! Не учествувај во нејзините гревови, за да не станеш соучесник во нејзината казна! Зашто нејзините гревови се напластија до небото, и Господ ќе ја казни за нејзината изопаченост! Направете и како што таа ви правеше вам, вратете и двојно за злото што таа ви го стори! Нека испие двојно погорчлива напивка од онаа што им ја даваше на другите! Зададете и толку маки и жалости, колку што раскош и уживања самата си даваше! Во своето срце таа се фалеше: ,Еве, седам како кралица, а не како вдовица; за мака нема никогаш да знам!‘ Затоа, во еден ист ден ќе биде погодена со жалост, глад и смрт! Во оган ќе биде изгорена, зашто Судија ќе и биде Господ, моќниот Бог!“ А владетелите од целата Земја, кои соучествуваа во нејзиниот блуд и уживаа во нејзиниот раскош, ќе плачат по неа и ќе тагуваат кога ќе го видат димот од огнот што ќе ја изгори. Ќе стојат понастрана, исплашени од нејзините страдања и ќе лелекаат: „Леле, леле, величествен граде Вавилоне! Во еден миг се истури врз тебе Божјата пресуда!“ Плачат и тагуваат трговците на Земјата, зашто никој веќе не ја купува нивната стока: изработките од злато, сребро, скапоцени камења; од бисер, од ленено платно и од пурпур, од свила и од скерлет, од разни видови на миризливо дрво, предмети од слонова коска, од скапоцено дрво, од бронза, железо и од мермер; цимет и балсам, мириси и мелеми, темјан и вино, масло, бело брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, робови и живи луѓе ... „Одземени ти се плодовите по кои копнееше; сиот раскош и слава ги загуби засекогаш и никогаш повеќе нема да ги добиеш!“ Трговците што тргуваа со сите овие работи, кои таа ги збогати, ќе стојат на оддалеченост, исплашени од нејзините маки, ќе плачат и ќе тагуваат велејќи: „Леле, леле, величествен граде, облечен во свила и пурпурно-црвена облека, накитен со злато, со скапоцени камења и со бисери! За еден миг исчезна твоето огромно богатство!“ А на морето сите сопственици на бродови, кормиларите, патниците и морнарите и сите што тргуваа по море стоеја поскраја и, гледајќи го димот од огнот во кој гореше Вавилон, извикуваа: „Немаше друг град како овој!“ Си ги посипуваа главите со прав, и со плачење и тага говореа: “Леле, леле, величествен граде! Сите сопственици на бродови се богатеа од твојот раскош. А сега за миг испусте!“ Но небото се радува, а со него и Божјите свети луѓе, апостолите и пророците, зашто, осудувајќи го Вавилон, Бог докажа дека тие беа во право! Тогаш еден силен ангел зеде камен, голем како воденички камен, го фрли во морето и извика: „Вака, со еден замав, ќе биде стрмоглавен величествениот град Вавилон и никогаш повеќе нема да се подигне! Во него нема повеќе да се чуе музика од харфи и пејачи, свирачи или трубачи. Никаков работник, од ниеден занает веќе нема да се најде во тебе и мелниците ќе замолкнат засекогаш. Веќе нема да се види светлина од светилка во тебе, ни глас од младоженец и од невеста нема да се чуе во тебе. Зашто, твоите трговци господареа со светот; со своите магии ти ги заблуди сите народи. Во тебе се пролеваше крвта на пророците и на Божјите свети луѓе и на сите погубени од целиот свет!“ Потоа чув многубројни гласови на небото кои пееја вака: “Слава на Бога! Зашто Тој суди чесно и справедливо! Тој ја осуди бесрамната блудница, и врз неа ја одмазди крвта на Своите следбеници, зашто таа со своето блудство ја расипа Земјата!“ А хорот на небото повторуваше: „Слава на Бога! Димот од пламенот во којшто таа гори, нема никогаш да престане да се крева!“ Тогаш дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог, Кој седеше на престолот, велејќи: „Амин! Слава на Бога!“ Од престолот проговори глас и рече: „Славете Го нашиот Бог, вие мали и големи - сите што сте во Негова служба и имате страхопочит спрема Него!“ Потоа чув гласови од многуброен народ - звук како од бучава на силни води и како татнеж од громови; тие говореа: „Слава на Бога! Господ, нашиот Семоќен Бог ја презеде власта! Да се радуваме, да се веселиме и да Му благодариме на Бог, зашто дојде свадбата на Јагнето и Невестата е подготвена! Нејзе ќе и се даде свадбена руба од чисто и светло ленено платно, кое ги претставува праведните дела на Божјите свети луѓе.“ Тогаш ангелот ми рече: „Блазе си им на поканетите на свадбената вечера на Јагнето!“ Потоа додаде: „Овие Божји зборови ќе се остварат!“ Тогаш јас клекнав пред ангелот за да му се поклонам, но тој ми рече: „Немој! И јас сум Божји служител, како што си и ти, и сите други следбеници на Исус. Само на Бог поклонувај Му се! А духот на пророкувањето е јасно да се посведочи за Исус.“ Потоа небото се отвори и се појави еден бел коњ. Коњаникот Го нарекуваа ?Верниот и Вистинитиот‘ и Тој е секогаш справедлив кога суди или кога војува. Очите Му светат како огнен пламен, а на главата носи многубројни круни. Името Му беше напишано, но само Тој знае што значи тоа име. Коњаникот носеше облека натопена во крв; Тој е познат и под името ?Божји Збор‘. Во Негова придружба беа цели војски од небото, качени на бели коњи, облечени во облеки од чисто, бело ленено платно. Од устата Му излегуваше остар меч, со кој ќе ги порази неверните народи. Тој ќе владее над нив со железен скиптар и ќе го изгази грозјето во кацата на зоврениот гнев на Семоќниот Бог. На Неговата облека, отстрана, беше напишано: ,Цар над царевите и Господар над господарите‘. Тогаш забележав еден ангел кој стоеше на Сонцето и им довикуваше на сите грабливи птици што летаа во небесните височини: „Дојдете и придружете се на Божјата голема гозба! Ќе јадете месо од цареви, владетели, водачи, коњи, коњаници, од луѓе слободни и од робови, од луѓе мали и големи!“ Потоа го видов Ѕверот како ги собра владетелите на Земјата и нивните војски за војна против Коњаникот на белиот коњ и Неговите војски. Но Ѕверот беше заробен, а со него и лажниот пророк - оној што правеше чуда во служба на Ѕверот и ги заведуваше сите што имаа белег на Ѕверот и се поклонуваа пред неговата икона. Обајцата беа живи фрлени во Огненото Езеро полно со запален сулфур. Останатите од војската на Ѕверот беа убиени со мечот што излегуваше од устата на Коњаникот на белиот коњ. Сите птици се наситија од нивните трупови. Потоа видов еден ангел како слегува од небото; во рацете го носеше клучот од Бездната и една голема верига. Тој го фати Змејот - старата Змија, познат и како Ѓавол и Сатана - и го окова во верига за период од илјада години. Потоа го фрли во Бездната. Таму го затвори и го заклучи, за да не ги заведува народите во период од илјада години. Потоа тој ќе биде пуштен, но само за кратко време. Потоа видов престоли; луѓето што седеа на нив, беа овластени да судат. Ги забележав и душите на погубените поради вера во Исус и проповедање на Божјото Слово и на сите оние што не му се поклонија на Ѕверот, ни на неговата икона и не го примија неговиот белег на челото или на раката. Видов како тие воскреснаа и царуваа со Христос илјада години. (Другите умрени нема да воскреснат додека не поминат илјада години.) Благословени и свети се оние што ќе бидат учесници во првото воскресение! Втората смрт ќе нема власт над нив; тие ќе бидат Божји и Христови свештеници и ќе царуваат со Нив илјада години. Кога ќе изминат илјада години, Сатаната ќе биде пуштен од затворот во Бездната. Тој ќе тргне да ги заведува народите по сите четири страни на светот - народите на Гог и Магог, кои заедно со него ќе тргнат во војна. Ќе собере многубројна војска, колку што има зрнца песок на морските брегови. Тие ќе излезат на широката земна рамнина и ќе го опколат живеалиштето на Божјиот народ и Неговиот омилен град. Но тогаш ќе слезе оган од небото и ќе ја уништи целата армија. Тогаш Ѓаволот, кој ги заведуваше, ќе биде фрлен во Огненото Езеро полно со запален сулфур, каде што претходно веќе беа фрлени и Ѕверот и лажниот пророк. Таму ќе бидат деноноќно мачени за вечни векови. Потоа го видов големиот бел престол и Оној што седи на него. Земјата и небото бегаа од Неговото присуство, но не најдоа место каде би се скриле од Него. Ги видов и починатите луѓе, мали и големи - сите до еден стоеја пред Божјиот престол. Прво беа отворени некои книги, а потоа и Книгата на животот. На починатите им беше судено според она што за нивните дела го пишуваше во книгите. Морето ги предаде луѓето загинати во него, а и Смртта и Адот ги предадоа умрените луѓе што тие ги држеа. На сите луѓе им беше судено според нивните дела. А потоа, Смртта и Адот беа фрлени во Огненото Езеро. Огненото Езеро е втората смрт. Секој човек чие име не се најде запишано во Книгата на животот беше фрлен во Огненото Езеро. Потоа видов ново небо и нова Земја. Поранешното небо и поранешната Земја повеќе ги немаше, а и морето исчезна. Го видов и Светиот град, новиот Ерусалим, како се спушта од небесниот Бог. Беше убав како невеста во свадбена облека, накитена за средба со својот маж. Тогаш еден силен глас извика од престолот: „Еве, Божјото живеалиште отсега е меѓу луѓето! Тој ќе живее меѓу нив, тие ќе бидат Негов народ; Самиот Бог ќе живее со нив. Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи. Нема повеќе да постојат смртта, тагата, плачот и болката, зашто стариот свет неповратно ќе го нема. Тогаш Оној што седеше на престолот рече: „Еве, се создавам одново. Запиши го тоа што го реков, зашто овие зборови сигурно ќе се остварат!“ Потоа ми рече: „Завршено е! Јас Сум Алфа и Омега, Зачетникот и Завршителот. На секој што е жеден, Јас ќе му подарам вода од изворот на животодавната вода. На сите победници ќе им дадам да ги наследат сите благослови и Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе ми бидат деца. А оние што од страв се откажуваат од верата во Мене, како и неверниците, неморалните, убијците, блудниците, маѓепсниците, обожавателите на идоли и сите лажговци, ќе завршат во Огненото Езеро полно со запален сулфур. Тоа ќе биде втората смрт.“ Потоа дојде еден од седумте ангели што ги држеа седумте садови со седумте последни казни и ми рече: „Дојди да ти ја покажам Невестата - свршеницата на Јагнето.“ Со духот ме пренесе на врвот од една висока планина и ми го покажа Светиот град, Ерусалим, како се спушта од небесниот Бог. Градот болскотеше од Божјата слава со сјај како од скапоцен камен - светкаше како проѕирен јаспис. Околу градот имаше високи и широки ѕидови, со дванаесет порти; пред секоја порта стоеше по еден ангел. На секоја порта беше напишано по едно од имињата на дванаесетте Израелови синови, односно племиња. Три порти беа на источната страна, три на северната, три на јужната и три на западната страна. Градските ѕидови беа поставени врз дванаесет темели; на секој темел беше напишано името на еден од дванаесетте апостоли на Јагнето. Ангелот што зборуваше со мене во раката држеше метар за мерење на градот, на портите и на градските ѕидови. Градот имаше изглед на коцка: должината и височината му беа еднакви. Тој го измери градот и се покажа дека градот е долг 2.220 километри, а исто толку изнесуваа и неговата широчина и неговата височина. Потоа ангелот, користејќи човечки мери, ги измери и ѕидовите: нивната широчина изнесуваше околу шеесет метри. Ѕидовите беа изградени од јаспис, а градот - од чисто злато, кое светкаше како кристал. Дванаесетте темели му беа од скапоцени камења. Првиот темел беше од јаспис, вториот од сафир, третиот од ахат, четвртиот од смарагд; петтиот темел беше од оникс, шестиот од карнелијан, седмиот од хризолит, осмиот од берил, деветтиот од топаз, десеттиот од хризопраз, единаесеттиот од хијацинт и дванаесеттиот од аметист. Секоја од дванаесетте порти беше од по едно зрно бисер. Улиците на градот беа од чисто злато, кое светкаше како кристал. Во градот не видов храм. Семоќниот Господ Бог и Јагнето беа храм. На градот не му беа потребни ни Сонце ни Месечина за да го расветлуваат, зашто Божјата слава го осветлуваше и Јагнето му беше Светилка. Народите ќе одат по неговата светлина, а земните цареви ќе ја предадат тука својата слава. Портите на градот ќе бидат постојано отворени, зашто таму секогаш е ден, и ноќи нема да има. Сите народи ќе ги донесат славата и почестите во градот. Тие што се недостојни, немаат пристап таму: ќе нема погани умови и лажговци. Во градот ќе живеат само оние чии имиња се запишани во Книгата на животот, составена од Јагнето. Потоа ангелот ми ја покажа животодавната река, која беше блескаво-бистра како кристал. Таа извираше од престолот на Бог и на Јагнето и го продолжуваше својот тек по централната улица во градот. На обете страни од реката, по должината на целиот нејзин тек, има насадено дрвја кои раѓаат плодови секој месец - дванаесет пати во годината. Плодовите се животодавни, а лисјата од дрвјата служат за исцелување на народите. Таму нема веќе да има проколнување. Престолот на Бог и на Јагнето ќе биде во градот. Божјите луѓе ќе Му се поклонуваат на Бог, и ќе Го гледаат Божјото лице, а Неговото име ќе им биде напишано на челата. Таму ноќ ќе нема, а на тамошните жители нема да им треба ни светилка, ни Сонце. Самиот Господ Бог ќе им биде Светлина и тие ќе царуваат во вечни векови. Потоа ангелот ми рече: „Ова што ти го кажувам е вистина и ќе се оствари. Господ Бог, Кој на Своите пророци им открива што ќе се случи во иднината, испрати Свој ангел за да им објави на Своите следбеници што ќе се случи во скорашно време.“ Исус порачува: „Очекувајте Ме, зашто брзо ќе се вратам! Благословен ќе биде секој што се придржува до напишаното во оваа пророчка книга!“ Јас, Јован, го чув и го видов сето ова. Откако го ислушав и видов сето ова паднав ничкум пред нозете на ангелот што ми го беше покажал сето ова, со намера да му се поклонам. Но тој ми рече: „Немој, не прави го тоа! И јас сум само Божји служител, како и ти, како што се и пророците и сите други што им се послушни на зборовите запишани во оваа книга. На Бог поклони Му се!“ Уште ми рече: „Не запечатувај ги пророштвата запишани во оваа книга, зашто овие работи наскоро ќе се остварат. Злите луѓе ќе продолжат да вршат зло, испоганетите умови ќе продолжат да се поганат. Но, праведните луѓе ќе продолжат да живеат праведно, Божјите луѓе секогаш ќе бидат свети.“ Потоа Исус ми рече: „Очекувајте Ме, зашто наскоро ќе се вратам! Тогаш ќе го наградам секого според делата. Јас Сум Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Зачетникот и Завршителот. Благословени ќе бидат оние што ,своите облеки си ги перат‘; тие ќе добијат право да јадат од плодовите на Дрвото на животот и да влезат во градот низ портите. А надвор од градот ќе останат ,кучињата‘, вражачите, блудниците, убијците, обожавателите на идоли и сите што ја сакаат лагата и што лажат. Јас, Исус, испратив Свој ангел по црквите за да ве извести за ова. Јас Сум Потомок од коренот на Давид, Јас Сум сјајната Ѕвезда Деница!“ Духот и Невестата велат: „Дојди!“ И секој што ќе го слуша ова, треба да рече: „Дојди!“ И секој што е жеден нека дојде и секој што сака нека повели и нека земе од бесплатната животодавна вода. А испраќам и предупредување до секој што ќе ги чуе пророштвата запишани во оваа книга: Никој ништо да не додава кон ова, зашто на таквиот Бог ќе му ги додаде сите казни опишани во оваа книга! А ако некој одземе нешто од пророчките објави во оваа книга Бог ќе му го одземе правото на пристап до Дрвото на животот и до Светиот град, опишани во оваа книга. Оној што гарантира за вистинитоста на сето ова ни порачува: „Наскоро ќе се вратам!“ Амин! Дојди, Господе Исусе! Господ Исус нека биде милостиво благонаклонет спрема сите вас.