Книга за родословот на Исус Христос, син на Давид, син на Авра­ам. Авраам го роди Исаак, Исаак го ро­ди Јаков, а Јаков ги роди Јуда и него­ви­те браќа; Јуда ги роди Фарес и Зара, со Тама­ра; Фарес го роди Есром, а Есром го роди Арам; Арам го роди Аминадав; Аминадав го роди Наасон, а Наасон го роди Салмон; Салмон го роди Вооз со Раав; Вооз го роди Овид со Рута, а Овид го роди Јесеј; Јесеј го роди царот Давид, а царот Давид, со жената на Урија, го роди Соломон; Соломон го роди Ровоам; Ровоам го роди Авија, а Авија го роди Аса; Аса го роди Јосафат; Јосафат го роди Јорам, а Јорам го роди Озија; Озија го роди Јоатам; Јоатам го роди Ахаз, а Ахаз го роди Езекија; Езекија го роди Манасија; Манасија го роди Амон, а Амон го роди Јосија; Јосија го роди Јехонија и неговите браќа, за време на преселувањето во Вавилон. А по вавилонското преселување Је­хонија го роди Салатиил, а Салатиил го роди Зоровавел; Зоровавел го роди Авиуд; Авиуд го роди Елијаким, а Елијаким го роди Азор; Азор го роди Садок; Садок го роди Ахим, а Ахим го роди Елиуд; Елиуд го роди Елеазар; Елеазар го роди Матан, а Матан го роди Јаков; Јаков го роди Јосиф, мажот на Марија, од која се роди Исус, наречен Христос. И така, сите поколенија од Авраам до Давид се четиринаесет; и од Давид до преселувањето во Вавилон се четирина­есет поколенија; а и од преселувањето во Вавилон до Христос – четиринаесет поколенија. А раѓањето на Исус Христос се случи вака: по свршувачката на мајка Му Ма­ри­ја за Јосиф, уште пред да заживеат во заедница, се виде дека таа зачнала од Све­тиот Дух. А Јосиф, нејзиниот маж, бидејќи беше праведен, не сакаше да ја посрами и намисли тајно да ја остави. Но штом помисли така, Гос­подов ангел му се јави на сон и му рече: „Јосифе, сине Давидов, не плаши се да ја примиш Марија, твојата жена, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух. Таа ќе роди Син и ќе Му дадеш име Исус, зашто Тој ќе го спаси Својот народ од неговите гревови.“ А сето тоа се случи за да се исполни кажаното од Господ преку пророкот, кој вели: „Ете, девица ќе зачне во утробата и ќе роди Син и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!“ Штом се разбуди од сонот, Јосиф направи како што му беше за­по­ве­дал ангелот Господов и ја зеде својата жена. И не се доближи до неа, додека таа не Го роди својот првороден Син; и Му даде име Исус. А кога Исус се роди во Витлеем Јудејски, во времето на царот Ирод, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток, и рекоа: „Каде е новородениот Јудејски Цар? Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме.“ Штом го чу тоа царот Ирод, се воз­немири, а и цел Ерусалим со него. Па ги собра сите првосвештеници и книжници на народот и ги праша каде треба да се роди Христос. А тие му рекоа: „Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: ’И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу Јудините началства; зашто од тебе ќе излезе Водач Кој ќе го пасе Мојот народ – Израил.‘“ Тогаш Ирод тајно ги повика мудре­ци­те и го дозна од нив времето кога се појавила ѕвездата, па, испраќајќи ги во Витлеем, им рече: „Одете и добро распрашајте се за Детето и, штом ќе Го најдете, известете ме за да дојдам и јас да Му се пок­ло­нам.“ Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И ете, ѕвездата, што ја беа ви­деле на Исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото каде што беше Детето. А кога ја видоа ѕвездата, тие многу се израдуваа. И штом влегоа во куќата, Го видоа Новороденчето со мајка Му Марија, па паднаа ничкум и Му се поклонија; потоа ги отворија своите ковчежиња и Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна. И откако на сон примија вест да не се враќаат кај Ирод, по друг пат заминаа за својата земја. А штом си отидоа тие, ете, ангел Господов му се јави на сон на Јосиф и му рече: „Стани, земи ги Детето и мајка Му, па бегај во Египет и ос­та­ни таму додека не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Детето за да Го погуби.“ И, откако стана, Го зеде Детето со мајка Му сред ноќта и отиде во Египет. И таму остана до смртта на Ирод, за да се исполни реченото од Господ преку пророкот, кој вели: „Од Египет Го повикав Мојот Син.“ Тогаш Ирод, гледајќи дека мудреците го надитрија, многу се разгневи и нареди да ги погубат сите деца во Вит­леем и по целата негова околина од две години и помали, според времето што точно го беше дознал од мудреците. Тогаш се исполни кажаното преку пророкот Еремија, кој вели: „Глас се слушна во Рама, плач и ридање и голем пискот: Рахила ги оп­лакува своите деца и не сака да се уте­ши, зашто ги нема веќе.“ А по смртта на Ирод, ангел Гос­по­дов му се јави на сон на Јосиф во Еги­пет и му рече: „Стани, земи ги Детето и мајка Му и отиди во Из­ра­илевата земја, зашто изумреа оние што ја бараа душата на Детето.“ А тој, откако стана, ги зеде Детето и мајка Му, и дојде во Израилевата земја. Но, кога чу дека во Јудеја царува Архелај, наместо татко му Ирод, се упла­ши да оди таму; и откако доби вест на сон, замина во галилејските предели. А кога пристигна, се насели во градот наречен Назарет за да се исполни реченото преку пророците дека ќе се нарече Назареец. Во тие денови дојде Јован Крстител, кој проповедаше во Јудејската пус­тина, говорејќи: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно.“ Зашто за него говореше пророкот Исаија, кој ве­ли: „Гласот на оној што вика во пустината: ’Под­гот­ве­те го патот на Господ и исправете ги Неговите патеки!‘“ А Јован имаше облека од камилски влакна и кожен појас околу половината, а храната му се состоеше од скакулци и див мед. Тогаш од Ерусалим, и од цела Јудеја и од целиот Јордански крај доаѓаа кај него и се крштеваа од него во реката Јордан, исповедајќи ги своите гревови. А тој, штом виде дека кај него доаѓаат мнозина фарисеи и садукеи за да се крстат, им рече: „Змиски рожби! Кој ви кажа да бегате од гневот што иде? Принесете плод достоен за покајание и немојте да си говорите во себе: ’Наш татко е Авраам‘, зашто ви велам дека Бог може и од овие камења да му подигне чеда на Авраам. Секирата веќе лежи до коренот на дрвото; зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган. Јас ве крштевам со вода за покајание, но Оној што доаѓа по мене е по­си­лен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган. Лопатата е во Неговите раце и Тој ќе го очисти Своето гумно и ќе Си го прибере житото во амбарот, а плевата ќе ја изгори во неизгаслив оган“. Тогаш Исус дојде од Галилеја на Јордан кај Јован за да биде крстен од него. А Јован Го одвраќаше, велејќи: „Јас треба да бидам крстен од Тебе, а Ти кај мене ли доаѓаш!?“ Но Исус, одговарајќи, му рече: „Оста­ви го сега тоа, зашто ние треба да ја исполниме секоја правда.“ Тогаш Му допушти. И штом се крсти, Исус веднаш из­лезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата и Го виде Божјиот Дух како слегува како гулаб и доаѓа врз Него. И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја!“ Тогаш Духот Го одведе Исус во пустината, за да биде искушуван од ѓаволот. И, откако постеше четириесет дена и четириесет ноќи, најпосле огладне. А иску­шу­вачот пристапи до Него и Му рече: „Ако си Син Божји, за­поведај овие камења да станат лебови.“ А Тој, одговорајќи, рече: „Напи­ша­но е: ’Човек нема да живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога.‘“ Тогаш ѓаволот Го одведе во светиот град, Го постави на стреата од хра­мот и Му рече: „Ако си Син Божји, фрли се долу, зашто е напишано: ’На Своите ангели ќе им заповеда за Тебе да Те запазат, и на раце ќе Те земат за да не си ја сопнеш ногата од камен.‘“ А Исус му рече: „Напишано е и ова: ’Не искушувај Го Господа, Твојот Бог.‘“ Ѓаволот повторно Го одведе на многу висока планина и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш ничкум и ми се поклониш.“ Но, Исус му рече: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ’На Господ, твојот Бог, да Му се поклонуваш и са­мо Нему да Му служиш!‘“ Тогаш ѓаволот Го остави и веднаш дојдоа ангели и Му служеа. А кога Исус слушна дека Јован е затворен, отиде во Галилеја. И, оставајќи го Назарет, дојде и се насели во Капернаум, крај морето, во Завулоновите и Не­ф­та­лимовите краишта, за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели: „Завулоновата земја и Нефталимовата земја, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја. Народот, што седеше во темнина, виде голема светлина и на оние, што седеа во смртната област и во сенка, им изгреа светлина.“ Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ И, одејќи покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа: Симон, наречен Петар, и брат му Андреј, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари. И им рече: „Врвете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.“ И тие веднаш ги оставија мре­жите и тргнаа по Него. Откако продолжи понатаму, виде други двајца браќа: Јаков Заведеев и брат му Јован, кои беа во кораб со татко им Заведеј и си ги крпеа мрежите, и ги повика. И тие веднаш ги оставија коработ и својот татко, и тргнаа по Него. И Исус одеше по цела Галилеја, поучувајќи по нивните синагоги, ­проповедајќи го благовестието за цар­ството и лекувајќи секаква болест и немоќ кај народот. Па се разнесе глас за Него по цела Сирија и ги доведоа кај Него сите болни, нападнати од различни болести и страдања, опседнати од демони, ме­сечари, неподвижни, а Тој ги излекува. И по Него одеше многу народ од Галилеја, Десетградието, од Ерусалим, од Јудеја и од другата страна на Јордан. Кога го виде народот, Исус се искачи на гората. И, штом седна, Неговите ученици се приближија до Него. И, откако ја отвори Својата уста, ги по­учуваше, велејќи: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно! Блажени се оние што плачат, зашто тие ќе се утешат! Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата! Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат! Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога! Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји! Блажени се гонетите заради правда, зашто нивно е царството небесно! Блажени сте кога ќе ве срамат и прогонуваат, и кога лажно ќе говорат против вас секакви лоши зборови – поради Мене! Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас. Вие сте солта на земјата. Но ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се осоли? Таа веќе не е за ништо, освен за да се фрли надвор и да се изгази од луѓето. Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на светилник, и им свети на сите во домот. Така нека свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата! Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги по­ниш­там, туку да ги исполнам. Зашто, вистина ви велам: дури пос­то­јат небото и земјата, ниту една бук­вичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ! И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе се нарече најмал во царството небесно, а оној што ќе ги исполни и така ќе ги научи луѓето, тој ќе се нарече велик во царството небесно. Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и на фарисеите, нема да влезете во царството небесно! Сте слушале дека на старите им било речено: ’Не убивај! А кој убие, ќе одговара пред судот.‘ Јас, пак, ви велам дека секој што се гневи на својот брат без причина, ќе одговара пред судот; а оној што ќе го нарече својот брат ’празноглав‘, ќе одговара пред Синедрионот; оној, пак, што ќе му рече: ’Будала‘, ќе одговара во огнениот пекол. И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со својот брат, а потоа дојди и принеси го својот дар. Измири се брзо со твојот противник, уште додека си на пат со него, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата – на судскиот поданик, и да бидеш фрлен в затвор; вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, додека не го дадеш и последниот кодрант. Сте слушале дека е речено: ’Не прави прељуба!‘ А Јас ви велам дека секој што погледнува на жена со похота кон неа, тој веќе извршил прељуба со неа во своето срце. Ако те соблазнува десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро е за тебе да погине еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот. И ако твојата десна рака те соблазнува, исечи ја и фрли ја од себе; зашто по­добро ти е да погине еден дел од твоето тело, от­колку целото твое тело да биде фрлено во пеколот. Уште било речено: ’Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.‘ А Јас ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја наведува да прави прељуба; и ако некој се ожени со така оставена, тој прави прељуба. Сте слушале и дека на старите им било речено – ’Не колни се лажно, туку исполнувај ги своите заклетви пред Господа.‘ А Јас ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, зашто е Божји престол; ниту во земјата, зашто е под­ножје на Неговите нозе; ниту во Еру­салим, зашто е град на великиот Цар. Не колни се ниту во својата глава, зашто не можеш ниту едно влакно да направиш бело или црно. Вашиот збор да биде: ’Да, да‘, или ’не, не‘, а сѐ што е повеќе од тоа, од злиот е. Сте слушале дека е речено: ’Око за око и заб за заб.‘ А Јас ви велам: не противете му се на злиот. Ако некој те удри по дес­ниот образ, заврти му го и другиот. А на оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе туниката, дај му ја и на­метката. И ако некој те натера да одиш со него една милја, оди со него две. На оној што бара од тебе, дај му, и не одбивај го оној што сака да позајми од тебе. Сте слушале дека е речено: ’Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател.‘ А јас ви велам: љубете ги своите непријатели, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец, Кој е на небесата; зашто Тој прави Неговото сонце да изгрева и врз лошите и врз добрите, и им праќа дожд и на праведните и на неправедните. Зашто ако ги љубите оние што вас ве љубат, каква ќе ви биде наградата? Не го прават ли истото и даночниците? И, ако ги поздравувате само своите бра­ќа­, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците? И така, бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен. Внимавајте вашата милостина да не ја правите пред луѓето, само за да бидете забележани; инаку, нема да имате награда од вашиот Отец, Кој е на небесата. И така, кога правиш милостина, не разгласувај пред себе, како што прават лицемерите по синагогите и по ули­ци­те, за да бидат фалени од луѓето. Вистина ви ве­­лам, тие веќе ја добиле својата награда. А ти кога правиш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната, за твојата милостина да биде во тајност; и тогаш, твојот Отец, што гледа во тајност, Самиот ќе те награди јавно. И, кога се молиш, не биди како лицемерите, што сакаат да се молат стоејќи по синагогите и крстосниците за да се покажуваат пред луѓето. Вис­ти­на ви велам, тие веќе ја добиле својата награда. Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја за­тво­риш вратата, помоли Му се на твојот Отец што е во тајност; и твојот Отец што гледа во тајност, ќе те награди јавно. Кога се молите, не говорете многу, како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многубројни зборови ќе бидат услишени. И така, не бидете како нив, зашто вашиот Отец знае од што имате потреба уште пред да Го помолите. Туку вие молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го денес; и прости ни ги долговите наши, ка­ко што и ние им ги проштеваме на на­ши­те должници; и не воведувај нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот; зашто Твое е царството, и силата, и славата во вечни векови. Амин! Бидејќи, ако им ги простите на луѓето нивните грешки, и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен. Ако, пак, не им ги простите греш­ките на луѓето, ниту вашиот Отец нема да ви ги прости вашите грешки. Кога постите, не бидете натажени како лицемерите; зашто тие си ги изобличуваат лицата за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам дека тие веќе ја добиле својата награда. А ти, кога постиш, помажи си ја главата и измиј си го лицето, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, што е во тајност; и твојот Отец, што гледа во тајност, ќе те награди јавно. Не собирајте си богатства на земјата, каде ги јадат молецот и 'рѓата, и ка­де крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде ниту молец, ниту 'рѓа ги јаде, и каде крадци не ги поткопуваат, ни­ту крадат. Зашто, каде што е вашето богатство, таму ќе ви биде и срцето. Окото е светило за телото. И така, ако ти е чисто окото, целото тело ќе ти биде светло; ако, пак, окото ти е лошо, целото тело ќе ти биде во темнина. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш колкава ли ќе е темнината?! Никој не може да им служи на двајца господари: зашто или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го возљуби; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите и на Бога и на Мамон. Затоа ви велам: не гри­жете се за вашиот живот – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за вашето тело, во што ќе се облечете. Зар не чини животот повеќе од храната, и телото – од облеката? Погледнете ги небесните птици: ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбар собираат, и вашиот Отец небесен ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив? А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакт? Зошто се грижите и за облеката? По­гледнете ги полските кринови како растат! Не се трудат, ниту предат; но ви велам дека ниту Соломон, во це­лата своја слава, не се облече како ниту еден од нив. Па, ако полската трева, што денеска ја има, а утре во печка се фрла, Бог така ја облекува, нема ли многу повеќе да ве облече вас, маловерни!? Затоа, не грижете се и не гово­рете: ’што да јадеме, или што да пиеме‘, или ’во што да се облечеме?‘ Зашто сето тоа го бараат незна­бош­ците, а вашиот Отец небесен знае дека сето тоа ви е потребно. Но барајте го најнапред царството Божјо и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придодаде. И затоа, не грижите се за утре, заш­то утрешниот ден ќе се грижи за своето; доволно му е на денот него­вото зло.“ „Не судете, за да не бидете судени; зашто, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка ме­рите, со таква и ќе ви се мери. Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш? Или, како ќе му кажеш на твојот брат: ’чекај да ти ја извадам раската од окото‘, кога во твоето око има греда? Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе гледаш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат! Не им го давајте светото на ку­чи­ња­та и не фрлајте ги вашите бисери пред свињите, за да не ги изгазат со своите нозе, па да се вратат и да ве раскинат.“ „Посакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори; зашто секој што моли – добива; и оној што бара – наоѓа; и на оној што чука – ќе му се отвори. Зар има меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, ќе му даде камен, и кога ќе посака риба, ќе му даде змија? И така, ако вие, кои сте лоши, уме­ете да им давате добри дарови на своите чеда, колку повеќе вашиот Отец, Кој е на небесата, ќе им даде добра на оние што Му бараат? Значи, сѐ она што сакате да ви го прават луѓето, правете им го и вие ним; зашто во тоа се состојат Законот и Пророците.“ „Влезете низ тесната порта; зашто широка е портата и широк е патот што водат кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесна е портата и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина ги наоѓаат.“ „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат кај вас во овча кожа, а од­внатре се грабливи волци. По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње или смокви од чичка? Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошото дрво дава лоши плодови; не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган. И така, по нивните плодови ќе ги познаете.“ „Не секој што Ми вели: ’Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец, Кој е на небесата. Мнозина ќе Ми речат во оној ден: ’Господи, Господи, нели во Твое име пророкувавме? И зар во Твое име демони не изгонувавме? И нели во Твое име многу чуда правевме?‘ И тогаш Јас ќе им кажам: ’Ни­ко­гаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што вршите беззаконие!‘“ „И така, секој што ги слуша и ги исполнува овие Мои зборови, ќе го спо­редам со мудар човек кој си изградил куќа на камен. И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, зашто беше втемелена на камен. А секој што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на глупав човек, кој си изградил куќа на песок. И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше стра­ш­но.“ И кога Исус ги заврши овие слова, на­ро­дот се чудеше на Неговото учење, зашто Тој ги поучуваше како Оној Кој има власт, а не како книжниците. А кога слезе од гората, по Него врвеше многу народ. И ете, се приближи еден лепрозен, падна ничкум пред Него и говореше: „Гос­поди, ако сакаш, можеш да ме очис­тиш.“ А Исус ја испружи раката, се допре до него и рече: „Сакам, очисти се!“ И тој веднаш се очисти од лепрата. И Исус му рече: „Гледај никому да не кажеш; туку отиди, покажи му се на свеш­теникот и принеси дар, како што за­поведал Мојсеј, за ним да им се посведочи.“ А кога влезе Исус во Капернаум, Му пристапи еден стотник и Го молеше говорејќи: „Господи, мојот слуга лежи дома неподвижен и многу страда.“ Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“ А стотникот одговори и рече: „Гос­поди, не сум достоен да влезеш под мо­јот покрив; но кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави; зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ’Отиди!‘ и тој оди; на друг: ’Дојди!‘ и тој доаѓа; и на мојот слуга: ’Направи тоа!‘ и тој прави.“ Кога го чу тоа, Исус се восхити и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ниту во Израил не најдов толкава вера. И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на тр­пеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно, а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“ И Исус му рече на стотникот: „Оди си, и нека ти биде според твојата вера!“ И неговиот слуга оздраве во истиот час. Кога Исус дојде во домот на Петар, ја виде Петровата тешта како лежи болна со треска, па ја допре за раката и трес­ката ѝ помина; и таа стана и Му служеше. А кога се стемни, кај Него доведоа мнозина опседнати од демони, и Тој со збор ги изгони духовите и ги излекува сите болни, за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој ги зеде нашите немоќи и ги понесе нашите болести.“ Кога Исус виде многу народ околу Себе, им заповеда на учениците да минат на другата страна. И откако пристапи до Исус еден книжник, Му рече: „Учителе, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.“ А Исус му рече: „Лисиците имаат легла и небесните птици – гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да потслони.“ Друг, пак, од Неговите ученици, Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам да го погребам татко ми.“ Но Исус му рече: „Врви по мене и остави мртвите да ги погребуваат своите мртовци!“ И кога влезе во коработ, по Него влегоа и Неговите ученици. И ете, настана голема бу­ра во морето, така што брановите го покриваа коработ, а Тој спиеше. Тогаш учениците пријдоа до Него, Го разбудија и рекоа: „Господи, спаси нѐ, загинуваме!“ А Тој им рече: „Зошто сте плаш­ливи, маловерни?“ Потоа стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана голема тишина. А луѓето се зачудија и рекоа: „Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат?“ И кога пристигна на другата страна, во Гергесинската земја, Го сретнаа двај­ца опседнати од демони, кои излегуваа од гробовите. Тие беа толку опасни, што никој не можеше да мине по тој пат. И ете, гласно извикаа: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји!? Зар си дошол тука пред време да нѐ мачиш?“ А далеку од нив пасеше големо стадо свињи. И демоните Го молеа, говорејќи: „Ако нѐ изгониш, дозволи ни да вле­зе­ме во стадоно свињи!“ И Тој им рече: „Отидете!“ И тие, откако излегоа, влегоа во стадото свињи. И ете, целото стадо свињи јурна низ стрмнината во морето и се издави во водата. А свињарите побегнаа и, кога дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа што се беше случило со демоноопседнатите. И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исус и кога Го видоа, Го замолија да си замине од нивните краишта. Тогаш Тој влезе во еден кораб, премина и пристигна во Својот град. И ете, Му донесоа еден неподвижен, легнат на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, му ре­че на неподвижниот: „Биди храбар, чедо! Ти се простуваат гревовите!“ И ете, некои од книжниците си рекоа во себе: „Овој богохули!“ А Исус, знаејќи ги нивните мисли, им рече: „Зошто мислите лошо во вашите срца? Што е полесно да се каже: ’Ти се простуваат гревовите!‘ или да се каже: ’Стани и оди!?‘ Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштева гре­во­ви – тогаш му рече на неподвижниот – ’Ста­ни, земи си ја постелата и оди си дома‘!“ И тој стана и си отиде дома. А народот, кога го виде тоа, се восхити и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето. И, заминувајќи оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи во даночницата и му рече: „Врви по Мене!“ И тој стана и тргна по Него. И кога седеше Исус на трпеза во куќата, ете, мнозина даночници и греш­ни­ци дојдоа и седнаа со Него и со Неговите ученици. Но, штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто вашиот Учител јаде со даночници и грешници?“ А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, ту­ку болните; одете и научете се што значат зборовите: ’Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, ту­ку грешниците на покајание.“ Тогаш кај Него дојдоа Јовановите ученици и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат!?“ А Исус им рече: „Зар можат сватовите да бидат нажалени додека младоженецот е со нив? Но ќе дојде време кога младоженецот ќе биде оттргнат од нив, па тогаш и тие ќе постат. Никој не става ново парче ткаенина врз стара об­лека, бидејќи парчето ќе се скине од облеката и отворот ќе биде по­голем; ниту, пак, се става ново вино во ста­ри мевови; инаку, мевовите ќе напу­к­нат, и виното ќе истече и мевовите ќе се упропастат; туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото.“ Додека Тој им говореше за тоа, ете, еден началник Му пријде, падна ничкум пред Него и Му велеше: „Ќерка ми штотуку умре; но дојди, положи ја Својата рака над неа и таа ќе оживее.“ Исус стана и тргна по него, заедно со Своите ученици. И ете, една жена, која дванаесет години боледуваше од крвотечение, се приближи одзади и се допре до крајот на Неговата облека, зашто си велеше: „Само да се допрам до Неговата облека, и ќе оз­дра­вам.“ А Исус, штом се заврте и ја виде, рече: „Биди храбра, ќерко, твојата вера те спаси!“ И оздраве жената во тој час. И кога Исус дојде во куќата на началникот и ги виде свирачите и народот вознемирени, им рече: „Излезете, зашто девојката не е умрена, туку спие.“ А тие Му се потсмеваа. Но, штом го истераа народот, Тој влезе, ја фати девојката за рака и таа ста­на. И тоа се расчу по целата таа земја. А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по Него двајца слепи и викаа: „Смилувај ни се, Сине Давидов!“ А штом дојде в куќи, слепите Му пријдоа; и Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го на­пра­вам тоа?“ Тие Му рекоа: „Да, Гос­поди!“ Тогаш им ги допре очите и рече: „Нека ви биде според вашата вера!“ И очите им се отворија; а Исус строго им заповеда: „Гледајте никој да не дознае за ова!“ Но тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја. Додека тие излегуваа, ете, Му доведоа еден човек нем и опседнат од демон. И, откако демонот беше изгонет, немиот проговори. А народот се чуде­ше и говореше: „Никогаш такво нешто не се видело во Израил.“ А фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните преку начал­никот на демоните.“ И Исус одеше по сите градови и села и поучуваше по нивните синагоги, проповедајќи го благовестието за цар­ството и лекувајќи секаква болест и секаква не­моќ во народот. А штом виде многу народ, се сожали над нив, зашто беа изморени и напуштени како овци без пастир. Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а работниците се малку. Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.“ И кога ги повика Своите дванаесет ученици, им даде власт над нечистите духови, да ги изгонуваат и да лекуваат секаква болест и секаква немоќ. А имињата на дванаесеттемина апостоли се овие: првиот Симон, наречен Петар и брат му Андреј; Јаков Зеведеев и брат му Јован; Филип и Вартоломеј; Тома и Матеј, даночникот; Јаков Алфеев и Левиј, наречен Тадеј; Симеон Кананит и Јуда Искари­отски, кој и Го предаде. Овие дванаесетмина ги испрати Исус и им заповеда, велејќи: „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте; а одете најнапред кај загубените овци на Израилевиот дом. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно; болни лекувајте, мртви воскреснувајте, лепрозни очисту­вај­те, демони изгонувајте! Бесплатно добивте, бес­платно давајте! Во вашите појаси не носете ниту злато, ниту сребро, ниту бакар, ниту торба за пат, ниту две облеки, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата храна! А штом ќе влезете во некој град или село, распрашајте се кој е во него достоен и таму останете додека не си отидете. И, кога ќе влезете во домот, поздравете го. И ако домот биде достоен, вашиот мир ќе дојде на него; а ако не е достоен, тогаш вашиот мир ќе се врати кај вас! Ако, пак, некој не ве прими и не ги послуша вашите зборови, излезете од тој дом или од тој град и истресете го правот од вашите нозе! Вистина ви велам: полесно ќе ѝ биде на содомската и гоморската земја во судниот ден, отколку на тој град!“ „Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и не­злобни како гулаби. Пазете се од луѓето, зашто ќе ве предадат на судовите и по нивните синагоги ќе ве камшикуваат. И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за сведоштво пред нив и пред незнабошците. А кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете. Бидејќи нема да говорите вие, туку Духот на вашиот Отец ќе говори преку вас. И брат ќе предаде брат на смрт и татко – своето чедо; и ќе се дигнат чеда против своите родители и ќе ги убијат; и ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но, кој ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен. Ако ве бркаат од еден град, бегајте во друг. Зашто, вистина ви велам: нема да ги обиколите Израилевите градови пред да дојде Синот Човечки. Ученикот не е поголем од својот учител, ниту слугата е поголем од својот господар. Доволно му е на ученикот да биде како својот учител, а за слугата – како својот господар. Ако домаќинот на домот го нарекле Велзевул, тогаш колку ли повеќе неговите домашни!?“ „И така, не плашете се од нив; зашто нема ништо сокриено што не ќе се открие, или тајно што нема да се дознае. Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што ви се шепоти, разгласувајте го од покривите! И не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној што може и душата и телото да ги погуби во пеколот! Не се продаваат ли две врапчиња за еден асариј? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец. А вам и влакната на главата ви се изброени. Но не плашете се: вие повеќе вредите од многу врапчиња.“ „И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, и Јас ќе го признаам него пред Мојот Отец, Кој е на небесата. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец, Кој е на небесата.“ „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч. Зашто дојдов да разделам човек од неговиот татко, ќерка од нејзината мајка и снаа од нејзината свекрва. И непријатели на човекот ќе му бидат неговите домашни. Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе својот крст и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Кој си го чува својот живот, ќе го загуби, а кој ќе го загуби својот живот заради Мене, ќе го најде.“ „Кој ве прима вас, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил. Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда. И кој ќе напои еден од овие безначајни само со чаша студена вода затоа што е Мој ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.“ И, кога ги заврши овие заповеди кон Своите дванаесет ученици, Исус замина оттаму за да поучува и да проповеда по нивните градови. А Јован, штом чу во затворот за Христовите дела, испрати двајца од своите ученици, да Го прашаат велејќи Му: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“ Исус им одговори и рече: „Одете и кажете му на Јован што слушате и што гледате: слепи прогледуваат и куци прооду­ва­ат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат; мртви воскреснуваат и на сиромашните им се проповеда благовестието. И блажен е оној што не се соблазнува поради Мене.“ А кога тие си отидоа, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветрот? Но што излеговте да видите? Човек ли облечен во меки алишта? Ете, оние што носат меки алишта, по царски палати се. Па што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк! Зашто тој е оној за кого е напишано: ’Ете, Јас го праќам Мојот ангел пред Твоето лице, кој ќе го при­готви Твојот пат пред Тебе.‘ Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител, но најмалиот во царството небесно е поголем од него! А од деновите на Јован Крстител па до сега, царството небесно со напор се освојува и силните го грабаат, зашто сите пророци и Законот пророкувале до Јован. И, ако сакате да прифатите, тој е Илија, кој треба да дојде. Кој има уши да слуша, нека чуе!“ „А со кого да го споредам ова поколение? Тоа личи на деца што седат по паза­риш­тата, па им довикуваат на своите другари и велат: ’Ви свиревме и не игравте; ви тажевме и не плачевте.‘ Зашто дојде Јован, кој не јаде ниту пие, а тие велат: ’Демон има во него.‘ Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, и велат: ’Еве човек јадач и винопиец, пријател на даночниците и греш­ниците.‘ Но мудроста се оправда преку своите чеда.“ Тогаш Исус почна да ги укорува градовите во кои се случија повеќето Негови чуда, бидејќи не се покајаа. „Тешко тебе, Хоразине! Тешко те­бе, Витсаидо! Ако во Тир и Сидон се беа случиле чудата, што се случија кај вас, тие одам­на би се покајале во вреќа и пепел; но ви велам: на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во судниот ден отколку вам! И ти, Капернауме, што си се воздигнал до небото, до адот ќе бидеш спуштен; зашто, ако во Содом се беа случиле чудата што се случија во тебе, тој и до денес ќе останеше. Но ви велам дека на Содом­ската земја ќе ѝ биде полесно на судниот ден, отколку тебе.“ Во тоа време, Исус рече: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил тоа од мудрите и разумните, а си им го открил на децата! Да, Оче, зашто таква беше Твојата волја. Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој, освен Синот и оној кому Синот сака да му Го открие. Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам. Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокој­ за вашите души. Зашто Мојот јарем е благ и Моето бреме е лесно.“ Во тоа време, една сабота, Исус минуваше низ нивите, а Неговите ученици огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат. Фарисеите, штом го видоа тоа, Му рекоа: „Ете, Твоите ученици прават нешто што не е допуштено да се прави во сабота!“ А Тој им рече: „Зар не сте читале што направи Давид, кога тој и оние што беа со него огладнаа? Како влезе во Божјиот дом и ги изеде лебовите на предложението, што не смееше да ги јаде ниту тој, ниту оние што беа со него, туку единствено свеш­те­ни­ците? Или, не сте читале ли во Законот дека во сабота свештениците во храмот ја нару­шуваат саботата и пак не се виновни? Но Јас ви велам дека тука е Оној што е поголем од храмот; и, ако знаевте што значи: ’Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудувате невините; Зашто Синот Човечки е господар на саботата.“ И штом замина оттаму, дојде во нивната синагога. И ете, таму беше еден човек што имаше исушена рака. И, за да Го обви­нат, Го прашаа, велејќи: „Допуштено ли е во сабота да се лекува?“ А Тој им рече: „Кој од вас, ако има една овца и таа падне во сабота во јама, нема да ја земе и да ја извади? Колку, пак, човекот е поскап од една овца!? Па така, во сабота е до­пуштено да се прави добро.“ Тогаш му рече на човекот: „Протегни ја раката!“ И тој ја протегна, и таа стана здрава како и другата. А фарисеите, штом излегоа, се договорија како да Го погубат. Но кога Исус разбра, замина оттаму. И по Него одеше многу народ и Тој ги излекува сите. И им забрани да разгласуваат за Него. За да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Ете Го Мојот слуга; Него Го избрав, Мојот возљубен, Кој е по благо­во­лението на Мојата душа. Ќе Го положам Својот Дух над Него и на народите ќе им објави суд. Нема да се кара, ниту ќе вика, и никој нема да го чуе Неговиот глас по улиците. Прекршените трски нема да ги докрши, ниту фитилот што тлее ќе го угасне, додека не ја доведе правдата до победа. И во Неговото име народите ќе се надеваат.“ Тогаш доведоа кај Него еден опседнат од демони, кој беше слеп и нем; и го излекува, така што слепонемиот проговори и прогледа. И сиот народ се чудеше и велеше: „Не е ли Овој Христос, Синот Давидов?“ А фарисеите, штом го чуја тоа, рекоа: „Овој ги истерува демоните само преку Велзевул, началникот на демоните!“ Но Исус, знаејќи ги нивните помисли, им рече: „Секое царство, ако се раздели самото против себе, запустува; и секој град или дом, ако се раздели самиот против себе, нема да опстане. И ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил сам против себе; тогаш како ќе опстане неговото царство? И ако Јас ги истерувам демоните преку Велзевул, вашите синови преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии. Ако, пак, Јас истерувам демони со Божјиот Дух, тоа значи дека до вас дошло царството Божјо. Или, како може некој да влезе во куќата на силен човек и да му ја ограби покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот, па дури тогаш да му ја ограби куќата? Оној што не е со Мене, против Мене е; и оној што не собира со Мене – растура. Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Духот нема да им се прости на луѓето. И ако некој каже збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости – ниту во овој век ниту во идниот“. „Или насадете добро дрво и плодот ќе му биде добар, или насадете лошо дрво и плодот ќе му биде лош; зашто по плодот се познава дрвото. Породи змиини! Како можете да говорите добро, кога сте зли? Зашто устата зборува од она со што е преполнето срцето. Добриот човек од добрата ризница изнесува добрини, а злиот човек од злата ризница изнесува зло. И ви велам дека за секој празен збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; зашто поради своите зборови ќе бидеш оправдан и поради своите зборови ќе бидеш осуден.“ Тогаш некои од книжниците и од фарисеите одговорија и рекоа: „Учи­те­ле, сакаме да видиме знак од Тебе!“ А Тој им одговори и рече: „Лукаво и прељуботворно поколение бара знак; но нема да му се даде знак освен знакот на пророкот Јона; зашто како што Јона беше во утробата на китот три дена и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дена и три ноќи. Ниневјаните ќе излезат на суд со ова поколение и ќе го осудат, зашто тие се по­кајаа од проповедта на Јона; а ете, тука е поголем од Јона. И јужната царица ќе излезе на суд со ова поколение и ќе го осуди; зашто таа дојде од крајот на земјата за да ја чуе мудроста на Соломон, но ете, тука е многу по­голем од Соломон.“ „Кога нечистиот дух ќе излезе од човекот, минува преку безводни места, барајќи спокој, и не го наоѓа. Тогаш вели: ’Да се вратам во мојот дом, од каде што излегов.‘ И, штом ќе дојде, го наоѓа празен, изметен и уреден. Тогаш оди и со себе доведува други седум духа, полоши од себе, и штом ќе влезат, ќе отседнат таму; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со ова зло поколение.“ И додека му зборуваше на народот, ете, мајка Му и Неговите браќа стоеја надвор и сакаа да зборуваат со Него. Некој Му кажа: „Ете, мајка Ти и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.“ А Тој му одговори на оној што Му го кажа тоа, и рече: „Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?“ И, покажувајќи со рака кон Своите учени­ци, рече: „Еве ги Мојата мајка и Моите браќа! Зашто оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец, Кој е на небесата, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.“ Во тој ден, Исус излезе од куќата и седна покрај морето. И се собра околу Него многу народ, така што Тој влезе во кораб и седна, а сиот народ стоеше на брегот. И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, излезе сејач да сее; и додека сееше, едни зрна паднаа по­крај патот, па долетаа птици и ги ис­кол­ваа. Други, пак, паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу никнаа, зашто земјата не беше дла­бока. Но, штом изгреа сонцето, тие свенаа, па, бидејќи немаа корен, се ису­ши­ја. Некои паднаа во трње; и трњата израснаа и ги задушија. Други, пак, паднаа на добра земја и дадоа добар плод; едно сто, друго шеесет, а трето триесет. Кој има уши да слуша, нека чуе.“ И учениците пристапија до Него и Му рекоа: „Зошто им зборуваш во параболи?“ А Тој им одговори и рече: „Затоа што вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено. Бидејќи, на оној што има ќе му се даде и ќе му се пре­умножи; а на оној што нема, ќе му се земе и она што го има. Затоа им зборувам во параболи, зашто гледаат и не можат да видат; слушаат и не можат да чујат, ниту пак, разбираат; и над нив се исполнува пророш­тво­то на Исаија, кој вели: ’Со уши ќе слушате и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видите; зашто срцето на овие луѓе закоравело и со ушите тешко слушаат; и ги затвориле своите очи за да не би некогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат, та да се преобратат и да ги исцелам.‘ А вашите очи се блажени зашто гледаат и вашите уши – зашто слушаат; бидејќи вистина ви велам: многу пророци и праведници сакаа да го видат она што го гледате вие, и не го видоа; и да го чујат она што го слушате вие, и не го чуја.“ „Вие, пак, чујте ја параболата за сејачот. Кај секого, што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа злиот и го граба посеаното во неговото срце; тоа е посеаното покрај патот. А посеаното на каменито место е оној што го слуша словото и веднаш со радост го прима; но нема во себе корен и е непостојан: дојде ли мака или гонење заради словото, веднаш се соблазнува. Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша словото, но грижата од овој свет и примамливоста на богатството го задушуваат словото и тоа станува бесплодно. А посеаното на добра земја е оној што го слуша словото и го разбира, и кој дава род, па донесува: еден сто, друг шеесет, а трет триесет.“ И друга парабола им кажа, велејќи: „Царството небесно прилега на човек што посеал добро семе на својата нива. Но, додека луѓето спиеја, дојде не­говиот непријател и посеа какол меѓу житото, па си отиде. А кога израсна растението и донесе род, тогаш се појави и каколот. И дојдоа слугите на домаќинот и му рекоа: ’Господаре, нели добро семе посеа на својата нива? Од каде, пак, сега има какол?‘ А тој им рече: ’Непријателот го направи тоа!‘ Слугите, пак, му рекоа: ’Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?‘ Но тој им рече: ’Не, за да не се случи, корнејќи го каколот, заедно со него да го искорнете житото; оставете нека растат и едното и другото, заедно до жетвата; а за време на жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да изгори; а житото приберете го во мојот амбар.‘“ И друга парабола им кажа, велејќи: „Царството небесно прилега на синапово зрно, што човек го зел и го посеал на својата нива. Тоа е најмало од сите семиња, но кога ќе израсне, поголемо е од сите зеленчуци, па станува дури и дрво, така што небесните птици долетуваат и се вгнездуваат на неговите гранки.“ И друга парабола им кажа: „Небесното цар­ство прилега на квас, што го зела жена и го ставила во три мери браш­но, додека целото да скисне.“ Сето ова Исус му го зборуваше на народот во параболи и без параболи не им говореше ништо; за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: „Со параболи ќе ја отворам Својата уста; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот.“ Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа. А учениците Му пристапија и Му рекоа: „Про­тол­кувај ни ја параболата за каколот на нивата!“ А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки. Нивата е светот; доброто семе се синовите на царството, а каколот – синовите на лукавиот. Непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот; жетвата е крајот на светот, а жетварите се ангелите. Па така, како што се собира каколот и се гори во оган, така ќе биде и на крајот на овој свет. Синот Човечки ќе ги испрати Своите ангели и ќе ги соберат од Неговото царство сите соблазни и сите оние што вршат беззаконие, и ќе ги фрлат во вжарена печка; таму ќе биде плач и крцкање со заби. Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонцето во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе!“ „Царството небесно прилега и на богатство сокриено во нива, што го нашол човек и сокрил, па, од радост за него, оди и продава сѐ што има, и ја купува таа нива.“ „Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде еден скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува.“ „Царството небесно прилега уште и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби; и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат надвор. Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги од­делат лошите од праведните и ќе ги фрлат во огнена печка: таму ќе биде плач и крцкање со заби.“ Исус ги праша: „Дали го раз­брав­те сето ова?“ Тие Му рекоа: „Да, Гос­поди!“ А Тој им рече: „Затоа секој книж­ник, кој се научил за царството небесно, прилега на човек домаќин што од својата ризница изнесува и ново и старо.“ И, откако ги заврши овие параболи, Исус си замина оттаму. А штом дојде во Својот роден крај, ги поучуваше во нивната синагога така што сите се чудеа и велеа: „Од каде кај Него ваква мудрост и моќ? Нели е Овој син на дрводелецот? Нели мајка Му се вика Марија, а Неговите бра­ќа­ – Јаков и Јосија, Симон и Јуда? И нели сите Негови сестри се ме­ѓу нас? Од каде, пак, сето тоа кај Него?“ И се соблазнуваа поради Него. А Исус им рече: „Ниеден пророк не е без чест, освен во својот роден крај и во својот дом.“ И не направи таму многу чуда поради нивното неверие. Во тоа време гласот за Исус го слушна и четворовласникот Ирод, кој им рече на своите слуги: „Тоа е Јован Крстител; тој воскреснал од мртвите, па затоа и чуда се случуваат преку него!“ Зашто Ирод, откако го фати Јован, го врза и го фрли во затвор поради Иро­ди­јада, жената на брат му Филип; бидејќи Јован му велеше: „Не ти е допуштено да ја имаш неа!“ И сакаше да го убие, но се плашеше од народот, зашто го сметаа за пророк. А кога му беше роденден на Ирод, ќерката на Иродијада играше пред гостите и му угоди на Ирод; затоа тој ѝ се заколна дека ќе ѝ даде што и да побара. А таа, поучена од мајка ѝ, рече: „Дај ми ја овде на чинија главата на Јован Крстител!“ Царот се натажи, но заради за­к­лет­вата и гостите, нареди да ѝ ја дадат. Па прати да го обезглават Јован во затворот. И ја донесоа неговата глава на чинија и ѝ ја дадоа на девојката, а таа ја однесе на својата мајка. А неговите ученици дојдоа, го зедоа неговото тело и го погребаа; па отидоа и Го известија Исус. Штом го чу тоа, Исус замина оттаму со кораб во пусто место, насамо; а на­родот, штом слушна за тоа, тргна по Него пеш од градовите. И кога Исус излезе, виде многу народ; и се смилува над нив и ги излекува нивните болни. А кога се стемни, Му пријдоа Неговите ученици и рекоа: „Мес­тово е пусто, а и веќе е доцна; пушти го народот да оди по селата и да си купи храна.“ Но Исус им рече: „Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Немаме овде ништо освен пет леба и две риби.“ Тој им рече: „Донесете Ми ги тука!“ И откако му заповеда на народот да седне на тревата, ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги раскрши и им ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот. И јадеа сите и се наситија; и собраа дванаесет кошеви полни со останати парчиња. А оние што јадеа беа околу пет илјади мажи, не броејќи ги жените и децата. И Исус веднаш ги натера Своите ученици да влезат во коработ и пред Него да минат на другата страна, додека Тој да го распушти народот. Па, штом го распушти народот, Тој се искачи на планината за да се помоли насамо. И кога се стемни, Тој беше таму сам. Коработ, пак, беше веќе на сред море и брановите го удираа, зашто дуваше спротивен ветар. Но, на четвртата стража од ноќта, Исус дојде кај нив, одејќи по морето. А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: „Тоа е привидение!“ и од страв гласно извикаа. Но Исус веднаш им прозборе, велејќи: „Бидете храбри! Јас сум, не плашете се!“ А Петар, одговарајќи Му, рече: „Господи, ако си Ти, заповедај да дојдам кај Тебе по водата!“ И Исус му рече: „Дојди!“ Па штом слезе од коработ, Петар тргна по водата за да дојде кај Исус; но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да тоне и гласно извика: „Господи, спаси ме!“ Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: „Маловернику, зошто се посомнева?“ И, кога влегоа во коработ, ветрот престана. А оние што беа во коработ Му пристапија, паднаа ничкум пред Него и рекоа: „Навистина си Син Божји!“ Па откако преминаа, дојдоа во Генисаретската земја. Луѓето од тоа место, штом Го познаа, разгласија по целата таа околија и Му ги донесоа сите болни. И Го молеа да се допрат барем до крајот од Неговата облека; и тие што се допреа, оздравеа. Тогаш некои од ерусалимските книжници и фарисеи пристапија кон Исус, велејќи: „Зошто Твоите ученици го престапуваат преданието на старешините? Зашто не си ги мијат рацете кога јадат леб.“ А Тој им одговори и рече: „Па зошто и вие ја престапувате Божјата заповед заради вашето предание? Зашто Бог заповедал и рекол: ’Почитувај ги својот татко и својата мајка‘, и ’кој злослови против својот татко или својата мајка, со смрт да се казни‘. А вие велите: ’Ако некој му рече на својот татко или на својата мајка: дар за Бога ми е, она што од мене сакаш да го ползуваш‘, тогаш тој не мора да ги почитува својот татко или својата мајка! Така ја укинавте Божјата заповед заради вашето предание! Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи: ’Овој народ се приближува до Мене со својата уста и со усните Ме по­чи­­тува, а неговото срце стои далеку од Мене; но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби.‘“ И, откако го повика народот, рече: „Слушајте и разберете! Не го осквернува човекот она што влегува во устата, туку она што излегува од устата, тоа го осквернува чо­ве­кот.“ Тогаш Неговите ученици Му пристапија и рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите, штом го чуја тој збор, се соблазнија?“ А Тој, одговарајќи им, рече: „Секоја садница, што не ја насадил Мојот Отец небесен, ќе се искорне; оставете ги: тие се слепи водачи на слепи: а кога слеп води слеп, обајцата ќе паднат во јама.“ Петар, пак, Му одговори и рече: „Објасни ни ја оваа парабола.“ А Исус им рече: „И вие ли сѐ уште не сфаќате? Зар не разбирате дека сѐ што влегува во устата, минува преку сто­макот и се исфрла надвор? А она што излегува од устата, излегува од срцето и тоа го осквернува човекот; зашто од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блуд, кражби, лажни сведоштва, богохулства; тоа го осквернува човекот. А да се јаде со неизмиени раце, тоа не го осквернува човекот.“ И, кога излезе оттаму, Исус замина во Тирските и Сидонски краишта. И ете, една жена Хананејка излезе од оние краишта и гласно извика кон Него, велејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко ја мачи демон.“ Но Тој не ѝ одговори ниту збор. И Неговите ученици пристапија до Него и Го молеа, велејќи: „Кажи ѝ да си оди, зашто вика по нас.“ А Тој одговарајќи, рече: „Јас сум пратен само кај загубените овци на Израилевиот дом.“ Но таа дојде, падна ничкум пред Него и велеше: „Господи, помогни ми!“ Тој, одговарајќи ѝ рече: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.“ Таа, пак, рече: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари.“ Тогаш Исус одговори и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по твојата желба!“ И во тој час нејзината ќерка оздраве. Штом замина оттаму, Исус дојде кај Галилејското Море, се искачи на гората и седна таму. И дојде кај Него многу народ, што со себе носеше куци, слепи, неми, сакати и многу други, и ги положија пред нозете на Исус, и Тој ги излечи, така што народот се восхитуваше гледајќи како неми прозборуваат, сакати оздравуваат, куци проодуваат и слепи прогледуваат. И Го прославуваше Израилевиот Бог. А Исус, кога ги повика Своите ученици, им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дена се со Мене и немаат што да јадат; а не сакам да ги распуштам гладни, за да не премалат по патот.“ Но Неговите ученици Му рекоа: „Од каде при нас толку леб во пустинава, за да се нахрани толку народ?“ Исус ги праша: „Колку лебови има­те?“ А тие одговорија: „Седум и не­кол­ку рипчиња.“ Тогаш Исус му заповеда на народот да седне на земјата. И, откако ги зеде седумте леба и ри­бите, заблагодари, ги прекрши и им ги даде на Своите ученици, а учениците – на народот. И јадеа сите и се наситија; и кренаа седум полни кош­ници со останати парчиња. А оние што јадеа беа четири илјади мажи, не броејќи ги жените и децата. Па, штом го распушти народот, влезе во коработ и дојде во Магдал­ските краишта. Тогаш пристапија фарисеите и садукеите и, ис­ку­шувајќи Го, побараа да им покаже знак од небото. Тој, одговарајќи им, рече: „Навечер велите: ’ќе биде ведро, зашто небото е црвено‘; а наутро: ’денес ќе има невреме, зашто небото е црвено и тмурно.‘ Лице­мери, из­гледот на небото умеете да го распознавате, а знаците на времињата не мо­жете?! Лукаво и прељуботворно поколение бара знак, но знак нема да му се даде освен знакот на пророкот Јона.“ Па ги остави и си замина. И, преминувајќи на спротивната страна, Неговите ученици беа заборавиле да земат леб. Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од квасот на фарисеите и садукеите!“ А тие, разговарајќи меѓу себе, си велеа: „Тоа е зашто не зедовме леб!“ Но Исус ги разбра и им рече: „Мало­верни, зошто си велите меѓу себе дека не сте зеле леб? Уште ли не разбирате и не помните за петте леба на пет илјади души и колку кошеви собравте? Ниту за седумте леба на четири ил­јади души и колку кошници собравте? Како не разбирате дека не поради лебот реков: ’Чувајте се од квасот на фарисеите и садукеите!‘“ Тогаш разбраа дека Тој им беше ре­кол да се пазат не од лебниот квас, туку од учењето на фарисеите и садукеите. А кога Исус дојде во областа на Кесарија Филипова, ги праша Своите ученици и рече: „Што велат луѓето за Мене, Синот Човечки?“ Тие одговорија: „Едни дека си Јован Крстител, други, пак, Илија, а некои Еремија или еден од пророците.“ А Тој им рече: „А вие што велите, Кој сум Јас?“ Симон Петар одговори: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог.“ Тогаш Исус, одговорајќи, рече: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата. А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Својата Црква, и портите на адот нема да ја надвладеат. И ќе ти ги дадам клучевите од царството небесно, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата.“ Тогаш Исус им заповеда на Своите ученици да не кажуваат никому дека Тој е Исус Христос. Оттогаш Исус почна да им открива на Своите ученици дека Тој треба да отиде во Ерусалим и многу да пострада од старешините, првосвеш­те­ни­ците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне. А Петар Го повлече настрана и почна да Го одвраќа, велејќи: „Не дај Боже, Господи; тоа нема да Ти се случи!“ Но Тој се заврте и му рече на Петар: „Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазна, зашто не мислиш за она што е Божјо, туку за она што е човечко!“ Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека врви по Мене. Зашто, кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој ќе го загуби својот живот заради Мене, ќе го најде: зашто каква полза ќе има човек ако го придобие целиот свет, а на својата душа ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со Своите ангели, и тогаш ќе му даде секому според неговите дела. Вистина ви велам: тука стојат некои што нема да вкусат смрт додека не Го видат Синот Човечки како доаѓа во Своето царство.“ А по шест дена Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и брат му Јован и ги одведе само нив на една висока гора; и се преобрази пред нив; и Неговото лице светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина. И ете, им се јавија Мојсеј и Илија и разговараа со Него. Тогаш Петар проговори и Му рече на Исус: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ Додека уште говореше, ете, ги засени светол облак; и се чу глас од облакот кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“ И кога го чуја тоа учениците, паднаа ничкум и многу се уплашија. Но Исус им пријде, се допре до нив и им рече: „Станете и не плашете се!“ А тие, кога ги подигнаа очите, не видоа никој друг освен Исус. А кога слегуваа од гората, Исус им заповеда и рече: „Никому не кажувајте што видовте додека Синот Човечки не воскресне од мртвите!“ И Неговите ученици Го запра­шаа: „Зошто, пак, книж­ни­ците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“ А Исус, одговорајќи им, рече: „Навистина, Илија ќе дојде претходно и ќе уреди сѐ; но ви велам дека Илија веќе дојде и не го познаа, туку му направија сѐ што сакаа. Така и Синот Човечки ќе пострада од нив.“ Тогаш учениците разбраа дека Тој им зборува за Јован Крстител. Кога дојдоа кај народот, Му пристапи еден човек, падна на колена пред Него и рече: „Господи, смилувај се на син ми, зашто е месечар и ужасно страда; често паѓа во оган и често – во вода; го доведов кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“ А Исус одговори и рече: „О, неверно и развратно поколение! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!“ И му нареди Исус и демонот излезе од него; и момчето оздраве во истиот час. Тогаш учениците пристапија кон Исус насамо и Му рекоа: „Зошто ние не можевме да го истераме?“ А Исус им рече: „Поради вашето неверие: зашто, вистина ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ’Премести се одовде таму‘ и таа ќе се премести, и за вас ништо нема да биде невозможно. А овој род се истерува само со молитва и со пост.“ А кога беа во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце и ќе Го убијат; и на третиот ден ќе воскресне.“ И тие многу се нажалија. А кога пристигнаа во Капернаум, му пристапија на Петар оние што собираа дидрахми и му рекоа: „Зар вашиот Учител не плаќа дидрахми?“ Тој одговори: „Плаќа.“ И кога влезе дома, Исус го претекна и рече: „Што мислиш, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок? Од своите синови или од туѓите?“ Петар Му одговори: „Од туѓите.“ Исус му рече: „Значи, синовите се ослободени; но, за да не ги соблазниме, отиди до морето, фрли јадица и земи ја првата риба што ќе ја уловиш; и, кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и дај им го за Мене и за себе!“ Во тој час учениците Му пристапија на Исус, велејќи: „Кој е најголем во царството небесно?“ И Исус повика едно дете, го постави меѓу нив и рече: „Вистина ви велам, ако не се преобратите и не станете како деца, нема да влезете во царството небесно. Кој ќе се понизи како ова дете, тој е најголем во царството небесно. И кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима.“ „А кој ќе соблазни едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него би било подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морската длабочина. Тешко на светот поради соблазните, зашто соблазните треба да дојдат; но тешко на оној човек преку кого до­аѓа соблазната. Ако те соблазнува твојата рака или нога, отсечи ја и фрли ја од себе; подобро е за тебе да влезеш во жи­вотот куц или сакат, отколку со двете раце и двете нозе да бидеш фрлен во вечниот оган; и ако те соблазнува твоето око, извади го и фрли го од себе; подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око, отколку да ги имаш и двете очи, а да бидеш фрлен во огнениот пекол.“ „Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата постојано го гледаат лицето на Мојот Отец небесен. Зашто Синот Човечки дојде да го спаси загубеното. Што мислите? Ако некој човек има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте в планина и да појде да ја бара загубената? Па, ако ја најде, вистина ви велам, ќе се радува за неа повеќе отколку за деведесет и деветте незагубени. Така, и вашиот Отец небесен не сака да загине ниедно од овие мали.“ „Ако се огреши кон тебе твојот брат, отиди и укори го насамо; ако те послуша, си го придобил својот брат; ако не те послуша, земи со себе уште еден или двајца, па од устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор; ако, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на црквата; па, ако и црквата не ја по­слуша, тогаш тој нека ти биде како незнабожец и како даночник.“ „Вистина ви велам: сѐ што ќе сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и сѐ што ќе разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото. Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата да молат за нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мојот Отец, Кој е на небесата; зашто, каде двајца или тројца се собрани во Мое име, таму сум и Јас сре­де нив.“ Тогаш Петар Му пристапи и рече: „Господи, колкупати да му простам на брат ми кога ќе се огреши кон мене? До седумпати ли?“ Исус му одговори: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум.“ „Затоа царството небесно прилега на цар кој посака да ја расчисти сметката со своите слуги. Кога почна да ја расчистува, му доведоа еден што му должеше десет илјади таланти; па, бидејќи немаше со што да пла­ти, господарот нареди да ги продадат него, и жена му и децата, и сѐ што имаше, за да си наплати. Тогаш тој слуга падна ничкум и му се поклонуваше, говорејќи: ’Господаре, биди трпелив спрема мене и сѐ ќе ти платам.‘ И господарот на тој слуга се смилува, го пушти и му го прости долгот. Слугата, пак, штом излезе, најде еден од своите сослужители, кој му должеше сто динарии, и кога го фати, го давеше и му велеше: ’Врати ми го она што ми го должиш!‘ Тогаш неговиот сослужител падна ничкум пред неговите нозе и го молеше, велејќи: ’Биди трпелив спрема мене и сѐ ќе ти исплатам!‘ Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли в затвор, додека не му го ис­плати долгот. Другите негови сослужители, кога видоа што се случи, многу се натажија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сѐ што се случи. Тогаш неговиот господар го повика и Му рече: ’Зол слуго! Јас ти го простив целиот долг, зашто ме молеше; не требаше ли и ти да се смилуваш над својот сослужител, како што се смилував и јас над тебе?‘ И се разгневи неговиот господар, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот долг. Така и Мојот Отец небесен ќе постапи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце грешките на својот брат.“ Кога Исус ги заврши тие збо­рови, замина од Галилеја и дојде во Јудејските краишта, отаде Јордан. По Него одеше многу народ и Тој ги излечи таму. И Му пристапија фарисеите за да Го искушуваат, па Му рекоа: „Дали му е допуштено на човек да ја остави својата жена за каква и да било причина?“ А Тој, одговарајќи, им рече: „Зар не сте читале дека Оној што ги создаде, во по­четокот машко и женско ги создаде, и рече: ’Затоа, ќе ги остави човек својот татко и својата мајка и ќе се прилепи до својата жена и обајцата ќе бидат едно тело.‘ Па така, тие веќе не се двајца, туку се едно тело. А тоа што го соединил Бог, човек да не го разделува.“ Тие Му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј заповеда да ѝ се даде разводно писмо и да се отпушти?“ Тој им рече: „Поради тврдокорноста на вашите срца Мојсеј ви дозволи да ги оставите своите жени; но во почетокот не беше така. А Јас ви велам: оној што ќе ја остави својата жена, освен поради прељуба, и се ожени со друга, тој прави прељуба; и оној, што ќе се ожени со оставена, исто така, прави прељуба.“ Неговите ученици Му рекоа: „Ако е таква положбата на човекот кон жената, подобро да не се жени!“ А Тој им рече: „Не може секој да го прифати кажаново, туку само оние на кои им е дадено; зашто има скопени кои се така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе, но има и скопени, кои самите си се скопиле заради царството небесно. Кој може да прифати, нека прифати.“ Тогаш Му доведоа деца, за да ги положи рацете на нив и да се помоли, а учениците им забрануваа. Но Исус рече: „Оставете ги децата и не бранете им да доаѓаат кај Мене, зашто на такви е царството небесно.“ И, откако ги положи рацете на нив, си отиде оттаму. И ете, еден Му пристапи и Му рече: „Добар Учителе, каква добрина да направам за да имам живот вечен?“ А Тој му одговори: „Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар освен Единиот Бог. А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги запо­ведите.“ Тој Му рече: „Кои?“ А Исус одго­вори: „Не убивај, не прави прељуба, не кради, не сведочи лажно; почитувај ги својот татко и својата мајка; љуби го својот ближен како себеси!“ Младиот човек Му рече: „Сето тоа сум го запазил уште од својата младост; што уште ми недостасува?“ Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го својот имот и раздај го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене!“ Штом го чу младиот човек кажаново, си отиде натажен, бидејќи имаше многу имот. А Исус им рече на Своите ученици: „Вистина ви велам, богат тешко ќе влезе во царството небесно; и уште ви велам: полесно ѝ е на ка­мила да мине низ иглени уши, от­колку богат да влезе во царството Божјо.“ Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“ А Исус ги погледна и им рече: „За луѓето тоа е невозможно, но за Бога сѐ е можно.“ Тогаш Петар Му одговори и рече: „Ете, ние оставивме сѐ и појдовме по Тебе: што ќе стане, со нас?“ А Исус им рече: „Вистина ви велам дека вие што врвите по Мене, при повторното раѓање, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на Својата слава, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израилеви племиња; и секој што ќе остави куќи, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца или ниви, заради Моето име, ќе добие стопати повеќе и ќе наследи вечен живот. Но мнозина први ќе бидат последни, а последните – први.“ „Зашто царството небесно приле­га на домаќин, кој излезе рано наутро да најми работници за своето лозје. Па, штом се спогоди со работниците по динариј на ден, ги прати во своето лозје. Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на паза­риштето без работа, им рече: ’Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам.‘ И тие отидоа. Повторно излезе околу шестиот и деветтиот час и направи исто. А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без работа, и им рече: ’Зошто стоите тука цел ден без работа?‘ Тие му рекоа: ’Бидејќи никој не нѐ најми.‘ А тој им рече: ’Отидете и вие во лозјето и што е право ќе добиете.‘ А приквечер, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ’Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите.‘ И дојдените околу единаесеттиот час добија по динариј. А кога дојдоа првите, помислија дека ќе добијат повеќе; но и тие добија по динариј; и штом добија, негодуваа против господарот, и велеа: ’Овие последниве работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тежината на денот и жегата.‘ А тој му одговори на еден од нив: ’Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за динариј? Земи си го своето и оди си; и на овој последниов, сакам да му дадам колку и тебе. Зар немам право да правам со своето што сакам? Или окото ти е завидливо, зашто сум добар?‘ Така последните ќе бидат први, а првите – последни; зашто мнозина се повикани, но малкумина избрани.“ И кога Исус се искачуваше кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесеттемина ученици и по патот им рече: „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт, и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и камшикуван, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне.“ Тогаш Му пристапи мајката на Зеведеевите синови, заедно со своите синови и, поклонувајќи Му се ничкум, Го мо­леше нешто. А Тој ѝ рече: „Што сакаш?“ Таа Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седнат до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево во Твоето царство!“ А Исус, одговарајќи, рече: „Не зна­ете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што ќе ја пијам Јас; или да се крстите со крштевањето со кое се крштевам Јас?“ Тие Му одговорија: „Можеме.“ И Тој им рече: „Мојата чаша ќе ја пиете и со крштевањето, со кое се крштевам Јас, ќе се крстите, но да се седи од Мојата десна или лева страна не е на Мене да дадам, туку тоа е за оние за кои е подготвено од Мојот Отец.“ И десетте, штом го чуја тоа, негодуваа против двајцата браќа. Но Исус ги повика и им рече: „Знаете дека кнезовите на народите господарат над нив и дека големците владеат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; туку кој сака да биде големец меѓу вас, нека ви биде служител; и кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга; како што и Синот Човечки не дојде за да Му служат, туку да служи и да го даде Својот живот за откуп на мнозина.“ И кога тие излегуваа од Ерихон, по Него врвеше многу народ. И ете, двајца слепи, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“ А народот ги укоруваше да молчат; но тие уште посилно викаа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Да­ви­дов!“ А Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да сторам за вас?“ Тие Му одговорија: „Да ни се отворат очите, Господи.“ И Исус се смилува и им ги допре очите, и тие веднаш прогледаа и тргнаа по Него. А кога наближија до Ерусалим и дојдоа во Витфагија, кај Масли­новата Гора, Исус испрати двајца уче­ници, и им рече: „Отидете во селоно, што е наспроти вас, и веднаш ќе најдете врзана магарица и прле со неа; одврзете ги и доведете Ми ги! А ако некој ви рече нешто, кажете му дека Му се потребни на Господ и тој веднаш ќе ги прати.“ А сето тоа се случи за да се исполни кажаното преку пророкот, кој вели: „Кажете ѝ на ќерката Сионова: ете, твојот Цар доаѓа кај тебе кроток и седи на магарица и прле, младенче од подјаремница.“ Учениците отидоа и направија така, како им заповеда Исус. Ги доведоа магарицата и прлето и ги положија на нив своите алишта, и Тој седна на нив. А мнозина од народот ги постилаа по патот своите облеки; други, пак, сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот; а народот што врвеше пред Него и по Него, извикуваше: „Осана на Синот Давидов! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово! Осана во висините!“ И кога влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи, велејќи: „Кој е Овој?“ А народот говореше: „Овој е Исус, пророкот од Назарет Галилејски.“ И Исус влезе во Божјиот храм и ги истера сите што продаваа и купуваа во храмот, ги преврте масите на мену­ва­чи­те и столовите на оние што продаваа гулаби, и им рече: „Напишано е: ’Мојот дом ќе се нарече дом за молитва‘, а вие го направивте разбојничка пеш­тера.“ И Му пријдоа во храмот куци и слепи, и Тој ги излекува. А првосвештениците и книж­ни­ци­те, кога ги видоа чудата што ги на­пра­ви, и слушајќи ги децата како викаат во храмот и велат: „Осана на Синот Давидов!“, негодуваа, и Му рекоа: „Слушаш ли што велат тие?“ А Исус им рече: „Да! Зар никогаш не сте читале: ’Од устата на ново­роденчиња и од доенчиња Ти си при­гот­вил пофалба?‘“ И кога ги остави, излезе надвор од градот, во Витанија, и таму преноќи. А наредното утро, враќајќи се во градот, огладне; и покрај патот виде една смоква, па отиде до неа; но откако не најде на неа ништо освен лисја, ѝ рече: „Да нема веќе род на тебе довека!“ И смоквата веднаш се исуши. Штом го видоа тоа, учениците се зачудија и рекоа: „Како веднаш се исуши смоквата!“ А Исус им одговори: „Вистина ви велам: ако имате вера и не се посомневате, не само тоа што се случи со смоквата ќе го правите, туку ако и на оваа планина ѝ речете – дигни се и фрли се во морето, тоа ќе биде. И сѐ што ќе побарате во молитва, ако имате вера, ќе добиете.“ И кога Тој дојде во храмот и поучуваше, Му пристапија првосвештениците и старешините на народот и рекоа: „Со каква власт го правиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?“ А Исус им одговори: „И Јас ќе ве прашам нешто. Па, ако Ми одго­ворите, и Јас ќе ви кажам со каква власт го правам ова. Јовановото крштевање од каде беше: од небото или од луѓето?“ А тие разговараа меѓу себе, велејќи: „Ако кажеме ’од небото‘, ќе ни рече: ’Тогаш зошто не му поверувавте?‘ А ако кажеме ’од луѓето‘, се пла­ши­ме од народот; зашто сите го сме­таат Јован за пророк.“ И, одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Тој им рече: „Ниту Јас не ви кажувам со каква власт го правам ова.“ „Што мислите за ова? Еден човек имаше два сина; па отиде кај првиот и му рече: ’Сине, оди денес да работиш во моето лозје!‘ Тој одговори: ’Не сакам!‘ но потоа се покаја и отиде. Отиде и кај вториот, и му го рече истото. Тој одговори: ’Ќе отидам, господаре.‘ Но не отиде. Кој од двајцата ја исполни татковата волја?“ Му рекоа: „Првиот.“ Тогаш Исус им рече: „Вистина ви велам дека даночниците и блудниците пред вас ќе влезат во царството Божјо: зашто Јован дојде кај вас по патот на праведноста и вие не му поверувавте, а даночниците и блудниците му поверуваа; а вие, и откако видовте не се покајавте за да му поверувате.“ „Чујте друга парабола! Си беше еден човек домаќин, кој насади лозје, го огради, ископа место за преса, соѕида кула и, откако им го предаде на лоза­рите, замина на пат. И, кога наближи времето за берба, тој ги испрати кај лозарите своите слуги за да ги приберат неговите плодови. Но лозарите ги фатија неговите слуги, па едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот го каменуваа. Тој повторно испрати други слуги, повеќе од првите; но и со нив постапија исто. Најпосле го испрати кај нив својот син, велејќи си: ’Ќе се засрамат од син ми.‘ Но лозарите, штом го видоа син му, си рекоа меѓу себе: ’Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство.‘ Па, го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија. Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?“ Му одговорија: „Злосторниците жестоко ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари што ќе му ги даваат плодовите навреме.“ А Исус им рече: „Зар никогаш не сте читале во Писмата: ’Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник; тоа е од Господ и чудесно е во нашите очи.‘ Затоа ви велам дека царството Божјо ќе биде земено од вас и ќе му се даде на народ што ги принесува неговите плодови. И кој ќе падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, ќе го здроби.“ И слушајќи ги Неговите параболи, првосвештениците и фарисеите разбраа дека говори за нив, па настојуваа да Го фатат; но се плашеа од народот, кој Го сметаше за пророк. И Исус повторно им гово­реше во параболи и рече: „Царството небесно прилега на еден цар, кој му направи свадба на својот син. И ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадбата; а тие не сакаа да дојдат. Повторно испрати други слуги, велејќи: кажете им на поканетите: ’Ете, приготвив јадење; моите јунци и сѐ што е угоено се заклани, и сѐ е готово; дој­дете на свадбата!‘ Но тие го пренебрегнаа тоа и отидоа: едни на нива, други по својата трговија; а останатите, пак, ги фатија него­вите слуги, ги навредуваа и ги убија. Штом чу за тоа царот, се разгневи, испрати своја војска и ги погуби убиј­ците и им го запали градот. Тогаш им рече на своите слуги: ’Свад­бата е готова, но поканетите не беа достојни. Затоа, одете по крстопатите и поканете ги на свадба сите што ќе ги најдете!‘ И слугите излегоа по патиштата, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и свадбениот дом се наполни со гости. Кога царот влезе да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбена облека. Па му рече: ’Пријателе, како влезе овде необлечен во свадбена облека?‘ А тој молчеше. Тогаш царот им рече на служителите: ’Врзете му ги нозете и рацете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби!‘ зашто, мнозина се повикани, но малкумина се избрани.“ Тогаш фарисеите отидоа и се советуваа како да Го фатат во некој збор. И ги испратија кај Него своите ученици, заедно со Иродовците, кои Му говореа: „Учителе, знаеме дека си вистинит и вистински учиш за Божјиот пат, и не се плашиш од никого, зашто не се водиш според изгледот на луѓето; затоа кажи ни; што мислиш: треба ли да се дава данок на цезарот или не?“ Но Исус го проѕре нивното лукавство и рече: „Зошто Ме искушувате, лицемери? Покажете Ми ја монетата со која се плаќа данок.“ Тие Му донесоа еден динариј. И им рече: „Чии се овој лик и натпис?“ Тие Му одговорија: „На цезарот.“ Тогаш им рече: „Дајте го цезаревото на цезарот, а Божјото на Бога!“ И штом го чуја тоа, тие се зачудија, па Го оставија и си отидоа. Во истиот ден Му пристапија и садукеи, кои велат дека нема вос­кре­сение, и Го прашаа, говорејќи: „Учителе, Мојсеј рече: ’Ако некој умре без деца, тогаш брат му нека ја земе неговата жена и нека му подигне потомство на својот брат!‘ Кај нас имаше седуммина браќа; првиот се ожени и умре; па, бидејќи немаше пород, ја остави својата жена на својот брат. Исто така направи и вториот, и третиот, сѐ до седмиот. По сите нив, умре и жената. При воскресението, на кого од седумтемина ќе биде таа жена, бидејќи со сите живеела?“ Исус им одговори: „Во заблуда сте, зашто не ги познавате Писмата, ниту Божјата сила; зашто при воскресението луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку ќе бидат како ангели Божји на небото. А за воскресението на мртвите, зар не сте читале што ви рекол Бог: ’Јас сум Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков.‘ Бог не е Бог на мртвите, туку на живите.“ И народот, слушајќи го тоа, се восхитуваше на Неговото учење. А фарисеите, штом слушнаа дека ги замолчи садукеите, се собраа заедно. Еден од нив, законик, за да Го искуша, Го праша: „Учителе, која заповед е најголема во Законот?“ А Исус му одговори: „’Возљуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој разум;‘ тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: ’Возљуби го својот ближен како себеси!‘ На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците.“ И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша и рече: „Што мислите за Христос? Чиј син е Тој?“ Му одговорија: „На Давид.“ Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот Го нарекува Господ, велејќи: ’Му рече Господ на Мојот Господ: Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на Твоите нозе.‘ И така, ако Давид Го нарече Гос­под, како тогаш Тој може да му биде син?“ И никој не можеше да Му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го прашува. Тогаш Исус им говореше на народот и на Своите ученици, велејќи: „На Мојсеевиот стол седнаа книжниците и фарисеите. Затоа, сѐ што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според нивните дела не постапувајте, зашто тие говорат, но не извршуваат; врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги ставаат врз плеќите на лу­ѓето, а самите не сакаат ниту со прст да ги помрднат. И сите свои дела ги прават за да ги видат луѓето; ги прошируваат своите записи и ги продолжуваат ресите на својата облека; сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите, и поздрави по пазариштата, и да ги ви­каат луѓето ’Рави, Рави!‘ А вие немојте да се нарекувате ’Рави‘, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сите сте браќа. И никого на земјата не викајте го свој татко, зашто еден е вашиот Татко – Оној, Кој е на небесата; и немојте да се нарекувате наставници, зашто еден е вашиот Наставник – Христос. Но најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга; зашто, секој што се воздигнува себеси, ќе биде пони­зен; а тој што се понизува себеси, ќе биде воздигнат.“ „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате домо­вите на вдовиците и навидум долго се молите; поради тоа ќе добиете поголема осуда. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто го затворате царството небесно пред луѓето; оти, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезат. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги обиколувате морето и копното за да добиете еден следбеник, и кога тоа ќе се случи, тогаш го правите син на пеколот, двојно поголем од вас. Тешко вам, слепи водачи, што велите: ’Ако се заколне некој во хра­мот, не е ништо; но ако се заколне некој во златото на храмот, виновен е.‘ Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или храмот што го осветува златото? Велите и: ’Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.‘ Безумни и слепи! Што е посвето: дарот или жртвеникот што го осветува дарот? А кој ќе се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е на него; и кој ќе се заколне во храмот, се колне во него и во Оној што живее во него; и кој ќе се заколне во небото, се колне во Божјиот престол и во Оној што седи на него. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто давате десеток од на­не, копар и ким, а сте го пренебрегнале нај­важното во Законот: праведноста, ми­лоста и верата; ова требаше да го пра­вите, а и она да не го пропуштате. Водачи слепи, вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате! Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги чистите чашата и чинијата однадвор, а внатре тие се полни со грабеж и неправда. Слеп фарисеју, очисти ги чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто личите на варо­сани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и со секаква нечистотија. Така и вие, однадвор им се пока­жу­вате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие.“ „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто им ѕидате гробници на пророците и ги украсувате спомениците на праведните, па велите: ’Да живеевме во деновите на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на пророците.‘ Со тоа сведочите за себе, дека сте синови на оние што ги убиле пророците. Дополнете ја и вие мерата на вашите татковци! Змии и рожби аспидини, како ќе побегнете од осудата за во пеколот? Затоа, ете, Јас праќам кај вас пророци и мудреци и книжници; едни ќе убиете и распнете, а други ќе камшикувате по вашите синагоги и ќе ги прогонувате од град во град; за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел, па до крвта на Захарија, синот на Варахија, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот. Вистина ви велам: сето тоа ќе дојде врз ова поколение!“ „Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и со камења ги за­си­пуваш испратените кај тебе! Кол­ку­пати сакав да ги соберам твоите чеда, како квачката што ги собира своите пилиња под крилјата, но вие не сакавте. Ете, ви се остава пуст вашиот дом. Зашто ви велам: нема да Ме видите од сега додека не кажете: ’Благословен е Оној што доаѓа во името Господово!‘“ И, кога излезе Исус од храмот и си одеше, Му пријдоа Неговите ученици за да Му ги покажат градбите на храмот. А Исус им рече: „Не го гледате ли сето тоа? Вистина, ви велам: нема да остане тука ниту камен на камен, кој нема да биде урнат.“ И, кога седеше на Маслиновата Гора, Му пријдоа учениците на­са­мо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за свршетокот на светот?“ А Исус, одговарајќи, им рече: „Пазете се да не ве прелаже некој; зашто многумина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: ’Јас сум Христос!‘ и ќе прелажат мнозина. Ќе слушате за војни и гласови за војни. Внимавајте да не се вознемирите, заш­то сето тоа треба да се случи; но тоа уште не е крајот. Зашто ќе се крене народ против народ, и царство против царство, и на некои места ќе има глад, помор и потреси; а сето тоа е почеток на страдањата. Тогаш ќе ве предадат на мачење и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име. Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се мразат; многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина; и бидејќи беззаконијата ќе се ум­ножат, кај мнозина љубовта ќе олади. Но кој ќе издржи до крај, тој ќе биде спасен. И ова благовестие за царството ќе биде проповедано по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.“ „А кога ќе ја видите одвратноста на запустувањето, изречена преку пророкот Даниил, како стои на светото место – кој чита нека разбере, тогаш оние во Јудеја, нека бегаат по планините; кој е на покрив, нека не слегува да земе нешто од својата куќа; и кој е на нива, нека не се враќа назад за да си ги земе алиштата! Тешко на бремените и на доилките во тие денови! Затоа, молете се вашето бегање да не биде во зима, ниту во сабота; зашто тогаш ќе настане голема мака, каква што немало од почетокот на светот па досега, ниту, пак, ќе има. И ако не се скратат оние денови, никој и ништо не би се спасило; но заради избраните ќе се скратат тие денови. Ако некој тогаш ви рече: ’Еве, овде е Христос‘ или ’таму е‘ – не верувајте! Зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат голе­ми знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, и избраните. Ете, однапред ви кажав. И така, ако ви речат: ’Ене, Тој е во пустината‘ – не излегувајте; или, ’еве, во скришните одаи е‘ – не верувајте! Зашто, како молњата што излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки. Зашто, каде што е мршата, таму се собираат и орлите.“ „И веднаш, по маките на тие денови, сонцето ќе се помрачи и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите ќе паднат од небото и небесните сили ќе се разнишаат. И тогаш ќе се појави на небото знакот на Синот Човечки и ќе заплачат тогаш сите земни племиња, и ќе Го видат Си­нот Човечки како доаѓа на небесните облаци, со сила и голема слава; и ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и тие ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.“ „Научете ја параболата од смоквата: кога нејзините гранки ќе станат кревки и ќе разлистат, знаете дека е близу летото. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека Тој е близу, пред вратата. Вистина ви велам: нема да помине ова поколение додека сето ова не се исполни. Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.“ „А за тој ден и час никој не знае, ниту небесните ангели, туку само Мојот Отец; но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки; зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до денот кога Ное влезе во ковчегот, и не сфатија додека не дојде потопот и истреби сѐ – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки. Тогаш ќе бидат двајца на нива: едниот ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен; две жени ќе мелат на мелница: едната ќе биде земена, а другата ќе биде оставена. Затоа, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ. Знајте го и ова: кога домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би останал буден и не би дозволил да му провалат во куќата. Затоа и вие треба да бидете подготвени, зашто Синот Човечки доаѓа во часот кога не очекувате.“ „Кој е тој верен и мудар слуга, кого неговиот господар ќе го постави над своите слуги, за да им дава храна навреме? Блажен е оној слуга, кого неговиот господар, кога ќе дојде, ќе го најде да постапува така; вистина ви велам дека него ќе го постави над целиот свој имот. Ако, пак, тој слуга е лош и си рече во срцето: ’Мојот господар уште долго време нема да дојде‘, па почне да ги тепа оние што слугуваат со него и да јаде и пие со пијаниците, господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога тој не го очекува и во час што не го знае; па ќе го расече на две и ќе му даде удел со лицемерите; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“ „Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилки и излегоа да го пресретнат младоженецот. Пет од нив беа мудри, а пет не­разумни. Неразумните ги зедоа своите светилки, но не понесоа со себе масло; а мудрите, заедно со своите светилки, зедоа во садовите и масло; и, бидејќи младоженецот доцнеше, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање: ’Еве, младоженецот доаѓа, излезете да го пре­сретнете!‘ Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилки. А неразумните им рекоа на мудрите: ’Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилки гаснат.‘ Мудрите им одговорија: ’Да не би да не ни биде доволно и нам и вам; по­добро одете кај продавачите и купете си!‘ А кога тие отидоа да купат, прис­тигна младоженецот и подготвените влегоа со него на свадбата, и вратата се затвори. Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: ’Господаре, господаре, отвори ни!‘ А тој им одговори: ’Вистина ви велам: не ве познавам!‘ И така, бидете будни, зашто не го знаете ниту денот, ниту часот, кога ќе дојде Синот Човечки.“ „Зашто Тој ќе постапи како човекот кој, тргнувајќи на пат, ги повика своите слуги и им го предаде својот имот; и на едниот му даде пет таланта, на другиот два, на третиот еден, секому според способноста; и веднаш замина. Оној што зеде пет таланта, отиде, ги употреби во работа и спечали други пет таланта. Исто така и оној со двата, и тој спечали други два. А оној, што прими еден талант, отиде и го закопа в земја и така ги сокри парите на својот господар. По долго време дојде господарот на овие слуги и побара да му поднесат сметка. И кога пристапи оној што беше примил пет таланта, донесе уште пет таланта и рече: ’Господаре, ти ми предаде пет таланта; ете, со нив спечалив уште пет.‘ А неговиот господар му рече: ’Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!‘ Му пристапи и оној што беше при­мил два таланта и рече: ’Господаре, ти ми предаде два таланта, еве, со нив спечалив уште два таланта.‘ Господарот му рече: ’Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!‘ Му пристапи и оној што беше добил еден талант и рече: ’Господаре, те знаев дека си жесток човек: жнееш каде што не си сеел и собираш каде што не си веел, па се уплашив, и отидов и го сокрив твојот талант в земја; ете ти го твоето.‘ А господарот му одговори: ’Лукав и мрзлив слуго! Ако си знаел дека жнеам каде што не сум сеел, и собирам каде што не сум веел, требаше моите пари да им ги дадеш на оние што тргуваат со пари, па кога ќе дојдам, да си го приберам своето со добивка; затоа земете го од него талантот и дајте му го на оној што има десет таланти; зашто на секој, што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има; а бесполезниот слуга фрлете го во крајната темнина: таму ќе биде плач и крцкање со заби.‘“ „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на Својата слава и ќе се соберат пред Него сите на­роди; па ќе ги оддели едни од други, како што пастирот ги одделува овците од козите, и овците ќе ги постави од Својата десна страна, а козите од левата. Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ’Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот; зашто, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, стра­нец бев и Ме прибравте; гол бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене.‘ Тогаш праведниците во одговор ќе Му речат: ’Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме странец и Те прибравме, или гол и Те облековме? Кога Те видовме болен, или во затвор и дојдовме кај Тебе?‘ А Царот ќе им одговори: ’Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле.‘ Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: ’Бегајте од Мене, проклети, во вечен оган, подготвен за ѓаволот и за неговите ангели! Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; гол бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.‘ Тогаш и тие ќе Му одговорат: ’Господи, кога Те видовме гла­ден, или жеден, или странец, или гол, или болен, или во затвор – и не Ти послуживме?‘ Тогаш Тој ќе им одговори велејќи: ’Вистина ви велам, доколку не сте го направиле тоа за еден од овие најмали, тогаш ниту за Мене не сте го направиле.‘ И тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците – во вечен живот.“ И, кога Исус ги заврши сите овие слова, им рече на Своите ученици: „Знаете дека по два дена ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде пре­да­ден на распнување.“ Тогаш првосвештениците, книжни­ците и старешините на народот се собраа во дворот на првосвештеникот по име Кајафа, и се советуваа како да Го фатат Исус со измама и да Го убијат; но рекоа: „Само не на празникот, за да не настане бунт меѓу народот.“ А кога Исус беше во Витанија, во куќата на Симон Лепрозниот, Му пријде една жена со алабастерен сад со скапоцено миро, и го изли врз Неговата глава, кога Тој седеше на трпезата. А кога го видоа тоа Неговите ученици, негодуваа и рекоа: „Какво е тоа растурање? Зашто тоа миро можеше да се продаде за многу пари и тие да им се раздадат на сиромасите.“ Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: „Зошто ја обеспокојувате жената? Таа направи добро дело кон Мене! Бидејќи сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш; таа, излевајќи го тоа миро врз Моето тело, Ме приготви за погреб. Вистина ви велам: каде и да биде проповедано ова благовестие, по цел свет, во нејзин спомен, ќе се раскажува и тоа што таа го направи.“ Тогаш еден од дванаесеттемина, по име Јуда Искариотски, отиде кај прво­свеш­те­ниците и рече: „Што ќе ми дадете, за да ви Го предадам?“ А тие му предложија триесет сребреника. И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде. А во првиот ден на празникот Бесквасници пристапија кон Исус учениците и Му рекоа: „Каде сакаш да Ти приготвиме да ја јадеш Пасхата?“ Тој им рече: „Отидете во градот кај тој и тој човек и кажете му: ’Учителот вели: времето Ми наближи, кај тебе ќе ја прославам Пасхата со Своите ученици.‘“ Учениците постапија како што им заповеда Исус и ја приготвија Пасхата. А кога се стемни, Тој седна на трпезата со дванаесеттемина. И дури јадеа, им рече: „Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.“ Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“ А Тој им одговори: „Оној што макна со Мене во чинијата, тој ќе Ме предаде. Синот Човечки си оди, како што е напишано за Него; но тешко на оној човек преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; по­доб­ро ќе беше за тој човек да не се беше родил.“ А Јуда, што Го предаде, праша: „Да не сум јас, Рави?“ Исус му одгово­ри: „Ти рече.“ И кога јадеа, Исус зеде леб и, откако заблагодари, го прекрши, и им даде на учениците и рече: „Земете, ја­дете, ова е Моето тело.“ Потоа ја зеде чашата, и откако заблагодари, им ја даде, велејќи: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите. И ви велам дека отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден кога ќе пијам нов со вас во царството на Мојот Отец.“ И, откако испеаја благодарствена песна, отидоа во Маслиновата Гора. Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе се соблазните поради Мене во оваа ноќ; зашто е напишано: ’Ќе удрам по пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат.‘ А по Моето воскресение ќе отидам пред вас во Галилеја.“ Тогаш Петар Му одговори и рече: „Дури и сите да се соблазнат поради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.“ Исус му рече: „Вистина ти велам: оваа ноќ, уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.“ Петар Му кажа: „Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе!“ Истото го рекоа сите ученици. Потоа Исус отиде со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: „Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.“ И ги поведе со Себе Петар и двајцата Зеведееви синови, па се нажали и почна да тагува. Тогаш Исус им рече: „Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и бидете будни со Мене!“ Па, откако малку се оддалечи, падна ничкум со лицето на земјата и се молеше, велејќи: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како што сакаш Ти.“ Па дојде кај учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петар: „Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни!? Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение; духот е бодар, но телото е слабо.“ И отиде по вторпат и се помоли, говорејќи: „Оче Мој, ако не може да ме одмине оваа чаша без да ја пијам, нека биде волјата Твоја!“ Кога се врати, повторно ги затекна како спијат, зашто очите им беа натежнале. И повторно ги остави, па отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови. Тогаш дојде кај Своите ученици и им рече: „Сѐ уште спиете и одмарате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешници. Станете, да одиме! Ете, се приближува оној што Ме предава.“ Додека Тој уште говореше, ете, дојде Јуда, еден од дванаесеттемина, и со него многу народ со мечеви и со стапови, ис­пратени од првосвештени­ците и народните старешини. А оној што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Оној што ќе Го целивам, Тој е; Него фатете Го!“ И веднаш Му пријде на Исус и Му рече: „Те поздравувам, Рави!“ И Го целива. А Исус му рече: „Пријателе, зошто си дошол?“ Тогаш пристапија, ги ставија раце врз Исус и Го фатија. И ете, еден од оние што беа со Исус, протегна рака и го извади својот нож, па го удри слугата на првосвеш­теникот и му го отсече увото. Тогаш Исус му рече: „Врати го но­жот на неговото место. Зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат; или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели? Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не се случи?“ Во тој час Исус му рече на народот: „Зар како на разбојник сте излегле со мечеви и стапови, за да Ме фатите? Секој ден седев со вас, поучувајќи во храмот, и не Ме фативте. Но сето тоа се случи за да се исполнат Писанијата на пророците.“ Тогаш сите уче­ници Го оставија и се разбегаа. А оние што Го беа фатиле Исус, Го одведоа кај првосвештеникот Кајафа, каде што беа собрани книжниците и старешините. Петар, пак, одеше по Него оддалеку, до дворот на првосвештеникот; и влезе внатре, па седна со поданицте за да го види крајот. А првосвештениците и стареши­ните и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исус, за да Го погубат и не најдоа; и, макар што пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но најпосле дојдоа двајца лажни сведоци и рекоа: „Овој кажа: ’Можам да го урнам Божјиот храм и за три дена да го соѕидам.‘“ Тогаш првосвештеникот стана и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?“ Но Исус молчеше. А првосвеш­те­никот Му рече: „Те заколнувам во жи­виот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Синот Божји?“ Исус му одговори: „Ти рече! Но Јас ви велам: отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.“ Тогаш првосвештеникот ја раскина својата облека и рече: „Овој богохули! Каква потреба имаме веќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење! Што мислите?“ А тие одговорија: „Заслужува смрт!“ Тогаш Го плукаа в лице и Го тепаа, а други Го удираа по образите, и говореа: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?“ А Петар седеше надвор во дворот. И му пријде една слугинка и му рече: „И ти беше со Исус Гали­леецот!“ Но тој одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш!“ А кога одеше кон вратата, го виде друга и им рече на оние што беа таму: „И овој беше со Исус Назареецот!“ И повторно одрече со заклетва: „Не Го познавам Човекот!“ А малку потоа пристапија оние што стоеја таму и му рекоа на Петар: „Навистина, и ти си од нив, зашто и го­ворот те издава!“ Тогаш тој почна да се колне и заколнува: „Не Го познавам Човекот!“ И веднаш запеа петел. И Петар се сети на Исусовите збо­рови: „Уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Ме­не.“ Па излезе надвор и горко плачеше. А кога се раздени, сите првосвеш­теници и старешини на народот напра­вија договор против Исус, за да Го убијат; и, откако Го врзаа, Го одведоа и Го предадоа на управителот Понтиј Пилат. Тогаш Јуда, кој Го предаде, кога виде дека Исус е осуден, се покаја и им ги врати триесетте сребреници на прво­свештениците и старешините, велејќи им: „Згрешив, зашто пре­дадов невина крв!“ А тие рекоа: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти!“ Тој ги фрли сребрениците во хра­мот, излезе и отиде, та се обеси. Првосвештениците, пак, ги собраа сребрениците и рекоа: „Не треба да се стават во касата на храмот, бидејќи се цена за крв.“ Откако се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за погребување на странци. Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива. Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија, кој вели: „И ги зедоа три­есетте сребреника, цената на Оценетиот, Кого Го оценија Израилевте синови, и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ.“ И Исус застана пред управникот. А управникот Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Ти велиш.“ И, кога Го обвинуваа првосвеш­те­ни­ците и старешините, Тој ништо не од­говараше. Тогаш Пилат Му рече: „Не слушаш ли колку сведоштва имаат против Тебе?“ Но Тој не му одговори на ниту еден збор, така што управникот многу се чудеше. А на секој празник управ­ни­кот имаше обичај да му ослободува на народот по еден затвореник, кого тие ќе го побараа. Тогаш тие имаа еден прочуен зат­вореник, по име Варава. И, кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го ослободам: Варава или Исус, наречен Христос?“ Зашто знаеше дека Го беа предале од завист. А кога тој седеше на судскиот престол, жена му порача да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, заш­то денеска многу пострадав на сон поради Него.“ Но првосвештениците и стареши­ните го наговорија народот да го побара Варава, а Исус да Го погуби. Тогаш управникот им рече: „Кого од двајцата сакате да го ослободам?“ Тие одговорија: „Варава!“ Пилат им рече: „А што да правам со Исус, наречен Христос?“ Му одговорија сите: „Да биде распнат!“ Управникот рече: „Па какво зло направил?“ Но тие уште посилно викаа: „Да биде распнат!“ Пилат, штом виде дека ништо не помага, туку, напротив, буната се зголемува, зеде во­да, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Пра­ведник; мислете му вие!“ И, одговарајќи, целиот народ, рече: „Неговата крв нека падне врз нас и врз нашите чеда!“ Тогаш им го ослободи Варава, а Исус Го камшикуваше и Го пре­да­де да биде распнат. Потоа војниците на управникот Го зедоа Исус во преторијата и ја собраа целата чета околу Него, па, откако Го соблекоа, Му облекоа скерлетна наметка; исплетоа трнов венец, Му го ставија на главата и Му дадоа во десната рака трска; и, поклонувајќи се на колена пред Него, Му се потсмеваа и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудеј­ски!“ И плукаа на Него, па ја зедоа трската и Го удираа по главата. А откако Го исмеаја, Му ја соблекоа скерлетната наметка, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување. На излегување сретнаа еден Ки­ри­неец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот. И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепно Место, Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие. А штом Го распнаа, ги разделија Неговите алишта, фрлајќи ждрепка; па седеа таму и Го чуваа; и Му ставија над главата натпис со Неговата вина: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“ Со Него распнаа и двајца разбојници; едниот од десната, а другиот од левата страна. А минувачите Го хулеа, вртејќи ги своите глави и велејќи: „Ти, што го уриваш храмот и за три дена го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји, слези од крстот!“ Исто така и првосвештениците, потсмевајќи се заедно со книжниците, старешините и фарисе­ите, говореа: „Други спасуваше, а Себеси не може да се спаси! Ако е Цар на Израил, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него. Се надеваше на Бог, нека Го избави сега, ако Го сака, бидејќи говореше: ’Син Божји сум!‘“ Така Го навредуваа и разбојниците распнати со Него. А од шестиот час настана темнина по целата земја до деветтиот час; а околу деветтиот час Исус извика со силен глас: „Или, Или, лима савахтани!?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!?“ А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“ И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие. А останатите велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спа­си!“ А Исус повторно извика со силен глас и го испушти духот. И ете, завесата на хра­мот се расцепи на две, одгоре додолу; и земјата се затресе; и карпите се распукаа. И гробовите се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; па, кога излегоа од гробовите, по Неговото воскресение, влегоа во светиот град и им се јавија на мнозина. А стотникот и оние што со него Го чуваа Исус, гледајќи го земјотресот и сѐ што се случи, многу се уплашија и говореа: „Навистина Овој беше Син Божји!“ Таму беа и гледаа оддалеку многу жени, кои врвеа по Исус од Галилеја и Му служеа. Меѓу нив беа Марија Магдалина и Марија, мајката на Јаков и Јосиф, и мајката на Зеведеевите синови. А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој, исто така, Му беше ученик на Исус; тој отиде кај Пилат и го побара Исусовото тело. Тогаш Пилат нареди да му го дадат телото. А Јосиф, штом го зеде телото, го завитка во чисто платно и го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во камен; па, откако навали голем камен на гробната врата, си отиде. А таму беа Марија Магдалина и другата Марија, кои седеа спроти гробот. Утредента, пак, по петокот, се собраа првосвештениците и фарисеите кај Пилат и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: ’По три дена ќе воскреснам!‘ Затоа нареди да се чува гробот до третиот ден, за да не отидат Неговите ученици ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: ’Воскресна од мртвите!‘ Та последната измама ќе биде полоша од првата.“ Пилат им рече: „Имате стража; одете и чувајте го како што знаете.“ Тие отидоа и со стража го чуваа гробот, а каменот го запечатија. Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден од седми­ца­та, Марија Магдалина и другата Марија дојдоа да го видат гробот. И ете, настана голем потрес, зашто ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него. Изгледот му беше како молња, а облеката – бела како снег. А стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви. Ангелот им се обрати на жените и им рече: „Не плашете се; знам дека Го барате Исус распнатиот; не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ, па отидете бргу и кажете им на Неговите ученици дека воскресна од мртвите. И ете, оди пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите. Ете, ви кажав.“ И излегоа брзо од гробот, со страв и голема радост и отрчаа да им соопштат на Неговите ученици. Кога одеа да ги известат Неговите ученици, ете, Исус ги пресретна, велејќи им: „Радувајте се!“ А тие се приближија, Му ги прегрнаа нозете и паднаа ничкум пред Него. Тогаш Исус им кажа: „Не плашете се; одете и соопштете им на Моите браќа да отидат во Галилеја, и таму ќе Ме видат.“ Кога тие заминуваа, ете, некои од стра­жарите, влегувајќи в град, им кажаа на првосвештениците за сето она што беше станало. И тие, откако се собраа со старе­ши­ните и се посоветуваа, им дадоа многу пари на војниците, велејќи: „Кажете: ’Неговите ученици дојдоа ноќе и Го украдоа додека ние спиевме;‘ и, ако за тоа чуе управникот, ние ќе го убедиме и вас ќе ве ослободиме од грижа.“ А тие ги зедоа парите и направија како што беа научени. И тој глас се пренесува меѓу Јудејците и до денес. А единаесеттемина ученици отидоа во Галилеја, на гората, каде што им беше заповедал Исус; па, штом Го видоа, паднаа ничкум пред Него; а некои се посомневаа. А Исус, пристапувајќи им, прого­вори и рече: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Одете и научете ги сите народи, кр­штевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал. И ете, Јас сум со вас преку сите денови до крајот на светот.“ Амин! Почеток на благовестието на Исус Христос, Син Божји. Како што е напишано кај пророците: „Еве, Јас го испраќам пред Твоето ли­це Мојот ангел, кој ќе го под­готви Твојот пат пред Тебе. Гласот на оној што вика во пусти­на­та: ’Подгответе го патот на Господа, исправете ги Неговите патеки.‘“ Се појави Јован, крштевајќи во пустината и проповедајќи покајно крштевање за простување на гревовите. И доаѓаа кај него од целата јудејска земја и од Ерусалим, и сите се крш­те­ваа од него во реката Јордан, ис­по­ведајќи ги своите гревови. А Јован беше облечен во камилски влакна и појас од кожа околу својата половина, и јадеше скакулци и див мед. Тој проповедаше, велејќи: „По мене иде Оној што е посилен од мене, Кому не сум достоен да Му се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките. Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крс­ти во Светиот Дух.“ А во оние денови дојде Исус од Назарет галилејски и се крсти од Јован во Јор­дан. И кога излегуваше од водата, вед­наш виде како се отвораат небесата и како Духот, во вид на гулаб, слегува над Него. И се слушна глас од небесата: „Ти си Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја.“ Веднаш потоа Духот Го изведе во пустината. И таму, во пустината, чети­ри­есет дена беше искушуван од сатаната; беше со ѕверовите и ангелите Му служеа. А потоа, откако Јован беше затворен, Исус дојде во Галилеја и го про­по­ведаше благовестието за царството Божјо, велејќи: „Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во благовестието.“ И, одејќи покрај Галилејското Мо­ре, Исус ги виде Симон и Ан­дреј, Симоновиот брат, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари. Исус им рече: „Врвете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!“ И тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. Па, штом отиде уште малку понатаму, ги виде Ја­ков Зеведеев и брат му Јован кои, исто така, беа во кораб и си ги крпеа мрежите; веднаш ги повика и нив. И тие, откако го оставија својот татко Зеведеј во коработ со наемниците, тргнаа по Него. И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботата Тој влезе во синагогата и поучуваше. И се чудеа на Неговата наука, зашто Тој ги учеше како Оној што има власт, а не како книжниците. А во нивната синагога имаше еден човек со нечист дух, кој извика, велејќи: „Што имаш Ти со нас, Исусе На­зареецу?! Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам Кој си – Божјиот Светец!“ Но Исус му заповеда, велејќи: „Замолкни и излези од него!“ Тогаш нечистиот дух го стресе човекот и, извикувајќи со силен глас, излезе од него. И сите се ужаснаа, така што еден со друг се прашуваа и велеа: „Какво е ова ново учење, штом со власт и на нечистите духови им заповеда, и тие Му се покоруваат?“ И веднаш се разнесе глас за Него по целиот Галилејски крај. Штом излегоа од синагогата, со Јаков и Јован дојдоа во куќата на Симон и Андреј. А тештата на Симон лежеше со треска; и веднаш Му кажаа за неа. Тој пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа им служеше. А приквечер, кога заоѓаше сонцето, кај Него донесоа секакви болни и опседнати од демони. И целиот град се беше собрал пред вратата. И Тој излечи мнозина болни што стра­даа од разни болести; истера мноштво де­мони и не им дозволуваше на демоните да зборуваат дека знаат оти Тој е Христос. А следното утро, во темни зори, стана, излезе и отиде во пусто место и таму се молеше. А Симон и оние што беа со Него, тргнаа да Го бараат; па, кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“ А Тој им рече: „Да појдеме до блис­ките села и градови, и таму да про­по­ве­дам, бидејќи затоа дојдов.“ И проповедаше во нивните синагоги, по цела Галилеја и изгонуваше демони. И дојде кај Него еден лепрозен, па, молејќи Го, падна на колена пред Него и Му рече: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш.“ А Исус се смилува, ја испружи раката, се допре до него и му рече: „Сакам, очисти се!“ И штом го рече тоа, се изгуби ле­п­ра­та од него, и тој се очисти; Па го отпушти и строго му заповеда, велејќи му: „Гледај, никому ништо да не кажуваш; туку отиди, покажи му се на свештеникот и принеси дар за твоето очистува­ње, како што заповедал Мојсеј, за ним да им се посведочи.“ А тој, штом излезе, почна многу да проповеда и да разгласува за тоа, така што Исус не можеше јавно да влезе во градот, туку се задржуваше надвор, во оса­мени места. И доаѓаа кај Него отсекаде. По неколку дена, Тој повторно дојде во Капернаум; и се расчу дека е во куќата. Веднаш се собраа мнозина, така што немаше место ни пред вратата; а Тој им го проповедаше словото. И дојдоа кај Него со еден неподвижен, кого го носеа четворица; па, бидејќи не можеа да пријдат до Него од народот, го открија и го пробија покривот од куќата, каде што беше Тој, и ја спуштија постелата, на која лежеше неподвижниот. А Исус, гледајќи ја нивната вера, му рече на неподвижниот: „Синко, ти се простуваат гревовите!“ Таму седеа некои од книжниците и си помислија во своите срца: „Зошто Овој такви хули изговара?! Кој може да простува гревови, освен единиот Бог?“ Исус веднаш дозна со Својот дух дека тие така мислат во себе, па им ре­че: „Зошто го помислувате тоа во своите срца? Што е полесно – да му кажам на неподвижниот: ’Ти се простуваат гре­во­ви­те‘, или да кажам: ’Стани, земи си ја пос­телата и оди‘? Но за да знаете дека Синот Чо­веч­ки има власт да проштева гревови на земјата“ – му рече на неподвижниот – „Тебе ти велам: стани, земи си ја пос­телата и оди си дома!“ И тој веднаш стана, па, штом ја зеде постелата, излезе пред сите – така што сите се восхитуваа и Го славеа Бо­га, велејќи: „Никогаш вакво нешто не сме виделе!“ И Исус повторно излезе покрај морето, и сиот народ доаѓаше кај Него, и Тој ги поучуваше. И минувајќи, го виде Левиј Ал­феев, кој седеше на местото за прибирање данок, и му рече: „Врви по Мене!“ И тој стана и тргна по Него. А кога Исус седеше на трпезата во неговата куќа, заедно со Него седеа и Неговите ученици и многу даночници и грешници; зашто тие беа мно­зи­на и врвеа по Него. Книжниците и фарисеите, штом Го видоа како јаде со даночници и греш­ници, им рекоа на Не­го­вите ученици: „Зошто Тој јаде и пие со даночници и со грешници?“ Кога го чу тоа Исус, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, ту­ку болните. Не сум дошол да ги пови­кам праведниците, туку грешниците на покајание.“ Учениците на Јован и на фарисеите постеа. И дојдоа некои, па Му велеа: „Зошто учениците на Јован и на фари­се­ите постат, а Твоите ученици не пос­тат?“ Исус им рече: „Зар можат свато­ви­те да постат кога младоженецот е со нив!? Додека е со нив младоженецот, тие не можат да постат; но ќе дојдат денови, кога ќе им го одземат младоженецот и тогаш, во тие денови, и тие ќе постат. Никој не крпи ново парче ткаенина врз стара облека; инаку, нејзиното ново парче ќе се откине од старото и отворот ќе биде уште поголем. И никој не става ново вино во стари мевови; инаку, новото вино ќе ги расце­пи мевовите и виното ќе истече, а ме­во­вите ќе се упропастат; туку ново вино се става во нови мевови.“ И се случи во саботен ден да ми­нува преку нивите, и врвејќи, Неговите ученици почнаа да кинат класје. А фарисеите Му рекоа: „Гледај, зошто го прават во сабота тоа што не е допуштено?“ Но Тој им рече: „Зар никогаш не сте читале што направи Давид, кога имаше потреба и ог­ладне тој и оние што беа со него? Како, во вре­мето на првосвештеникот Авијатар, влезе во Божјиот дом и ги изеде лебовите на предложението, што не смееше да ги јаде никој друг освен свештениците, па им даде и на оние што беа со него!“ Потоа продолжи: „Саботата е соз­да­дена за човекот, а не човекот за сабо­та­та. Па така, Синот Човечки е господар и на саботата.“ И Тој повторно влезе во синагогата, а таму имаше еден човек со исушена рака. И внимаваа на Него, дали ќе го излекува во саботен ден, за да Го обвинат. А Тој му рече на човекот со ису­ше­ната рака: „Застани насреде!“ Ним, пак, им кажа: „Што е допуштено да се прави во сабота: добро или зло? Да се спаси еден живот или да се погуби?“ А тие молчеа. Па, кога ги изгледа со гнев, натажен поради нивните закоравени срца, му ре­че на човекот: „Протегни ја раката!“ Тој ја протегна и раката му стана здрава, како и другата. Фарисеите, штом излегоа, веднаш се состанаа со Иродовците против Него, советувајќи се како да Го погубат. Исус, пак, отиде со Своите ученици кон морето и по Него одеше многу на­род од Галилеја, од Јудеја, од Ерусалим, од Идумеја, од другата страна на Јордан и од околијата на Тир и Сидон. Штом слушнаа какви дела врши, тие во голем број дојдоа кај Него. И им порача на Своите ученици да Му приготват кораб, поради народот, за да не Го туркаат; зашто мнозина беше излекувал, та­ка што сите кои беа болни, навалуваа кон Него за да Го допрат. И нечистите духови, штом ќе Го ви­деа, паѓаа пред Него и викаа, велејќи: „Ти си Син Божји!“ Но Тој строго им забрануваше да разгласуваат за Него. Потоа се искачи на гората и ги по­вика кај Себе оние што Сам ги одбра, и тие дојдоа кај Него. И избра дванаесетмина да бидат со Него и да ги праќа да проповедаат; и да имаат власт да лекуваат бо­лес­ти и да изгонуваат демони: Симон, на кого му даде име Пе­тар; па Јаков Зеведеев и Јован, братот на Јаков, на кои им даде име Воанергес, што зна­чи: Синови на громот; па Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Кананит и Јуда Искариотски, кој и Го предаде. И дојдоа во една куќа; и пак се собра на­род, така што тие не можеа ниту леб да јадат. И кога чуја Неговите, отидоа да Го приберат, зашто се говореше дека не бил при Себеси. А книжниците, што беа слегле од Ерусалим, велеа дека во Него е Вел­зе­вул и дека демоните ги истерува со силата на началникот на демоните. И, кога ги повика, им говореше во параболи: „Како може сатаната да изго­нува сатана? Ако едно царство се раздели самото против себе, тоа царство не може да се одржи; и, ако еден дом се раздели самиот против себе, тој дом не може да опстане; ако и сатаната се дигнал против се­беси, и се разделил, не ќе може да се одржи, туку му дошол крајот. Никој не може, кога ќе влезе во ку­ќата на силен човек, да му ја ограби по­ку­ќнината, ако најнапред не го врзе силниот; и дури тогаш ќе ја ограби куќ­ата. Вистина ви велам: на човечките синови ќе им се простат сите гревови и хули, колку и да хулеле; но кој похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости довека, туку ќе биде виновен пред вечниот суд.“ Зашто велеа: „Нечист дух има во Него.“ И дојдоа мајка Му и Не­говите браќа, па, стоејќи надвор, порачаа да Го викнат. А околу Него седеше народ, и Му рекоа: „Ете, мајка Ти и Твоите браќа и сестри се надвор и Те бараат.“ А Тој им одговори, велејќи: „Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?“ Па, погледнувајќи кон оние што седеа околу Него, рече: „Еве ги Мојата мајка и Моите браќа. Зашто оној што ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра и мај­ка!“ И Тој повторно почна да поучува покрај морето; и се собра околу Него многу народ, па Тој влезе во коработ и седеше во мо­рето, а сиот народ стоеше на брегот, покрај морето. И ги поучуваше многу со параболи, и во Своите поуки им велеше: „Слушајте! Ете излезе еден сејач да сее; и додека сееше, едни зрна паднаа покрај патот, па долетаа пти­ци­те и ги исколваа. Други, пак, паднаа на каменито место, ка­де што немаше многу земја, и набргу никнаа, зашто земјата не беше дла­бо­ка; но штом изгреа сонцето, тие свенаа, па бидејќи немаа корен, се исушија. Некои паднаа во трње; и израснаа тр­њата и ги задушија, и тие не дадоа плод. Други паднаа на добра земја и поч­наа да даваат плод, што израсна и узреа; и принесе: некое триесет, некое шеесет, некое сто.“ И им рече: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“ А кога остана сам, оние што беа околу Него, заедно со дванаесеттемина, Го прашаа за параболите. И Тој им кажа: „Вам ви е дадено да ја знаете тајната на царството Божјо, а на оние, надворешните, сѐ им се говори во параболи, за да гледаат со очи и да не видат; да слушаат со уши и да не разбираат; за да не би се обратиле некогаш, па да им се простат гревовите.“ И им рече: „Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги раз­бе­рете сите параболи? Сејачот го сее словото. Посеаното покрај патот се оние кај кои се сее словото, но кај кои, откако ќе го чујат, веднаш доаѓа са­та­ната и им го грабнува словото, посеано во нивните срца. Исто така и посеаното на каменито место се оние кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го при­ма­ат, но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога ќе настане мака или гонење заради словото, веднаш се соб­лазнуваат. Посеаното во трње се оние што го слушаат словото, но грижите за овој век и примамли­во­ста на богатство и други желби влегуваат во нив, го задушуваат сло­вото и тоа станува бесплодно. А посеаните зрна на добра земја се оние што го слушаат словото и го при­ма­ат и донесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а трети сто.“ И им рече: „Зар светило се внесува за да се стави под поклопец или под кревет, а не за да се постави на светилник? Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту, пак, има нешто сокриено, што нема да излезе на виделина. Ако некој има уши да слуша, нека чуе!“ И им велеше: „Внимавајте на она што го слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде, вам што слушате. Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.“ Па рече: „царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја, па спие и станува ноќе и дење; а ка­ко никнува и како расте семето, тој не знае. Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот. А кога ќе узрее плодот, човекот веднаш се фаќа за срп, зашто дошло времето за жетва.“ И уште рече: „Со што да го спо­редиме царството Божјо или со каква парабола да го прикажеме? Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е најмало од сите земни семиња; а кога ќе се посее, израснува и ста­нува поголемо од сите зеленчуци, и пуш­та големи гранки, така што под неговата сенка можат да се вгнездат небесните пти­ци.“ И со многу такви параболи им го проповедаше словото, колку што мо­жеа да слушаат. И без параболи не им говореше, но на Своите ученици, насамо, сѐ им објас­ну­ваше. А вечерта, во истиот ден, им рече: „Да ми­не­ме на спротивната страна!“ И кога го отпуштија народот, уче­ниците Го зедоа со себе во коработ, така како што беше. А имаше и други кораби со нив. И се подигна бурен ветер, и брано­вите префрлаа во коработ, така што тој веќе се полнеше. Тој, пак, беше на кормилото и спи­еше на перница; Го разбудија и Му рекоа: „Учителе, зар не Ти е грижа што загинуваме?“ А Тој стана, му заповеда на ветрот и му рече на морето: „Замолкни, прес­та­н­и!“ И ветрот стивна, и настана голема тишина. Па им рече: „Што сте толку плаш­ливи? Зар немате вера?“ И ги опфати голем страв, и си велеа еден на друг: „Кој ли е Овој, та и ветрот и морето Му се покоруваат?“ Преминаа на другата страна на морето, во Гадаринската земја. И кога Тој излезе од коработ, вед­наш од гробовите Го пресретна еден човек со нечист дух, кој престојуваше во гробовите, и дури и со синџири никој не можеше да го врзе; зашто многупати беше ставан во окови и во синџири, ама ги кршеше оковите и ги раскинуваше синџирите, и никој не можеше да го скроти. Постојано, ноќе и дење, тој беше во гро­бовите и по ридиштата, викаше и се уди­ра­ше со камења. Штом Го виде Исус оддалеку, при­трча и падна ничкум пред Него. Па извикувајќи со силен глас, рече: „Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!“ Зашто Исус му беше рекол: „Духу нечист, излези од човекот!“ И го праша: „Како ти е името?“ А тој одговори и рече: „Легија ми е името, зашто сме многумина.“ И многу Го молеа да не ги брка од таа земја. А таму, по ридот, пасеше големо стадо свињи. И сите демони Го молеа и велеа: „Прати нѐ во свињине, да влеземе во нив.“ И Исус веднаш им дозволи. Откако излегоа, нечистите духови влегоа во свињите, и јурна стадото низ стрмнината во морето, а беа околу две илјади; и се издавија во морето. А оние што ги пасеа свињите, по­бегнаа и известија во градот и по селата. И излегоа луѓето да видат што станало. И дојдоа кај Исус и го видоа опседнатиот од демони во кого имаше легија, како се­ди облечен и со здрав ум; и се упла­шија. А оние, кои беа виделе, раскажуваа што стана со демоноопседнатиот и со свињите. И почнаа да Го молат да си оди од нивните краишта. А кога се качи во коработ, оној, што претходно беше опседнат од демони, Го по­моли да биде со Него. Исус не му дозволи, туку му рече: „Оди си дома кај своите, па раскажи им што стори Господ за тебе и како те по­милува.“ Тој отиде и почна да раскажува по Десетградието за она што Исус му го направи. И сите се чудеа. А кога Исус повторно премина со коработ на другата страна, кај Него се собра многу народ. И беше покрај морето. И ете, дојде еден од старешините на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред Неговите нозе и усрдно Го молеше гово­реј­ќи: „Ќерка ми е на умирање; дојди и по­ложи ги рацете на неа, за да оздрави и да живее!“ И Исус појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа. Една жена, што боледуваше од крво­течение дванаесет години, и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сѐ што имала и без никаква полза, а ѝ станало дури уште полошо, штом чу за Исус, дојде меѓу народот одзади и се допре до Него­вата облека; зашто си велеше: „Само ако се доп­рам до Неговата облека, ќе оздравам.“ И веднаш престана крвотечението и таа почувстува во своето тело дека е излеку­ва­на од болеста. А Исус веднаш почувствува во Се­бе дека од Него излезе сила, па се сврте кон народот и рече: „Кој се допре до мојата облека?“ Неговите ученици Му рекоа: „Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: ’Кој се допре до Мене?‘“ Но Тој гледаше наоколу, за да ја ви­ди онаа што го направи тоа. А жената, уплашена и растре­пе­ре­на, знаејќи што стана со неа, пријде, падна ничкум пред Него и Му ја кажа целата вистина. А Тој ѝ рече: „Ќерко, твојата вера те спаси; оди си во мир и биди здрава од својата болест!“ Додека Тој уште зборуваше, дојдоа од кај старешината на синагогата и ре­коа: „Ќерка ти умре; зошто уште Му додеваш на Учителот?“ Но Исус, само што ги чу зборовите што ги кажаа, му рече на старешината на синагогата: „Не плаши се, само верувај!“ И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петар, на Јаков и на Јован, братот на Јаков. Дојде во куќата на старешината на синагогата и виде метеж, пла­чење и силно лелекање. И кога влезе, им рече: „Што сте се развикале и расплакале? Детето не е умрено, туку спие!“ А тие Му се потсмеваа. Тој, пак, от­како ги истера сите, ги зеде таткото и мајката на детето и оние што беа со Него, и влезе каде што лежеше девој­че­то. И го фати детето за рака, па му рече: „Талита, куми!“ – што значи: „Де­војче, тебе ти велам, стани!“ И девојчето веднаш стана и почна да оди. А имаше дванаесет години. И сите многу се вчудовидоа. А Тој строго им заповеда никој да не разбере за тоа, и рече да ѝ дадат да ја­де! Па излезе оттаму и дојде во Својот роден крај; а по Него одеа и Неговите ученици. И кога дојде сабота, Тој почна да поучува во синагогата и мнозина од оние што Го слушаа, се чудеа и говореа: „Од каде Му е ова? И каква е оваа мудрост што Му е дадена, та такви чуда стануваат преку Неговите раце? Нели е Овој дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јаков, Јосија, Јуда и на Симон? И нели Неговите сестри се овде, меѓу нас?“ И се соблазнија поради Него. А Исус им рече: „Ниеден пророк не е без чест, освен во својот роден крај, меѓу роднините и во својот дом.“ И таму не можеше да направи ниту едно чудо; освен што излекува неколкумина бол­ни, полагајќи ги рацете врз нив. И се чудеше на нивното неверие. Па одеше по околните села и поучу­ваше. И ги повика дванаесеттемина, и почна да ги праќа по двајца и им даде власт над нечистите духови. Па им заповеда да не земаат ништо за по пат, освен по еден стап: ниту торба, ниту леб, ниту пари во појасот. Туку да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки. И им рече: „Ако влезете во некоја куќа, останете во неа сѐ додека не си отидете од тоа место. А ако некаде не ве примат, ниту ве послушаат, излегувајќи оттаму, истресете го правот од своите нозе, за ним да им се посведочи. Вистина ви велам: полесно ќе им биде на Содом и на Гомор во судниот ден, отколку на тој град.“ Тие појдоа и проповедаа покајание. Изгонуваа многу демони, и многумина болни помазуваа со масло и лекуваа. И царот Ирод слушна за Исус, зашто се прочу Неговото име, па рече: „Јован Крстител воскреснал од мртвите и затоа се случуваат чуда преку него.“ Едни велеа: „Илија е!“, а други: „Пророк е, или како еден од проро­ци­те.“ А Ирод, штом чу, рече: „Тоа е Јо­ван, на кого јас му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите!“ Бидејќи самиот Ирод беше пратил да го фатат Јован, го врза и го фрли во затвор, поради Иродијада, жената на брат му Фи­лип, со која Ирод се беше оженил. Зашто Јован му велеше на Ирод: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на твојот брат!“ А Иродијада се озлоби против него и сакаше да го убие, но не можеше. Зашто Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека тој е праведен и свет човек, и го штитеше; многу работи вршеше откако ќе го слушнеше, а со задоволство го слу­ша­ше. И настана погоден ден кога Ирод, за својот роденден, им приготви вечера на своите кнезови, началници и галилејски старешини; и влезе ќерката на Иродијада, иг­ра­ше и им угоди на Ирод и на гостите. То­гаш царот ѝ рече на девојката: „Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам!“ И ѝ се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство.“ А таа излезе и ја праша својата мајка: „Што да побарам?“ Таа ѝ одговори: „Главата на Јован Крстител!“ И веднаш со брзање влезе кај царот и по­бара, говорејќи: „Сакам уште сега на чинија да ми ја дадеш главата на Јован Крстител!“ Царот се натажи, но заради заклетвата и гостите не сакаше да от­каже. И царот веднаш испрати џелат и му нареди да ја донесат неговата глава. А тој отиде во затворот, го обезглави и ја донесе неговата глава на чинија, па ѝ ја предаде на девојката, а девојката ја даде на својата мајка. Кога неговите ученици слушнаа, дојдоа, го зедоа неговото тело и го положија во гроб. И се собраа апостолите кај Исус, па Го известија за сѐ што направиле и поу­чувале. А Тој им рече: „Дојдете вие самите во пусто место и одморете се малку.“ Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа време ни да јадат. И отидоа со кораб во пусто место, насамо. И народот ги виде кога си одеа; и мнозина Го познаа, па од сите гра­дови пеш поитаа таму; и ги претекнаа и се собраа околу Него. А Исус, излегувајќи, виде многу на­род и се смилува над нив, зашто беа ка­ко овци без пастир; и почна да ги по­учу­ва за многу нешта. И бидејќи веќе стана доцна, Неговите ученици пристапија кон Него и рекоа: „Местово е пусто, а и доц­на е; распушти ги за да отидат по окол­ни­те села и населби и да си купат леб, зашто нема што да јадат.“ Тој им одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Да пој­деме ли да купиме за двесте денарии леб, па да им дадеме да јадат?“ Потоа Тој ги праша: „Колку лебови имате? Отидете и видете!“ И кога видоа рекоа: „Пет леба и две риби.“ Тогаш Исус им рече на сите да седнат во групи по зелената трева. И седнаа во групи по сто и по пе­десет. Тој ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови и ги раскрши лебовите, и им ги даде на Своите ученици, за да им ги стават пред нив; исто така им ги раздели и двете риби на сите. И јадеа сите и се наситија. И собраа дванаесет кошеви полни со парчиња од лебот и од рибите. А оние што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи. И веднаш ги натера Своите ученици да влезат во коработ и да отидат пред Него на другата страна, кон Витсаида, додека Тој да го распушти на­ро­дот. А Тој, одделувајќи се од нив, отиде во гората за да се помоли. Кога се стемни, коработ беше среде мо­рето, а Тој сам на копното. И ги виде како се мачат веслајќи, зашто ветрот беше спротивен; а околу четвртата ноќна стража дојде кај нив, одејќи по морето, и сакаше да ги одмине. А тие, кога Го видоа како оди по морето, помислија дека тоа е привидение, и почнаа да викаат; зашто сите Го видоа и се уплашија. Тој веднаш почна да говори со нив и им рече: „Бидете храбри! Јас сум, не плашете се!“ И се качи кај нив во коработ и ветрот стивна. А тие беа силно запрепастени во себе и зачудени. Зашто не го сфатија чудото со лебовите, бидејќи срцето им беше ска­менето. И кога преминаа, дојдоа во генисаретската земја и се задржаа таму. А штом излегоа од коработ, веднаш Го познаа. Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на постела да ги носат болните таму каде што слушаа дека е Тој. И каде и да влегуваше: во села, во градови или во населби – на крстопатите по­лагаа болни и Го молеа да се допрат барем до краевите од Неговата облека. И сите што се допираа до Него, оздравуваа. Околу Него се собраа фарисеите и некои од книжниците, што беа дошле од Ерусалим. И кога видоа дека некои од Не­го­ви­те ученици јадат леб со нечисти, односно со немиени раце, ги укорија. Зашто фарисеите и сите Јудејци, др­жејќи го преданието на старешините, не ја­дат, дури не ги измијат рацете до лакти­те; и кога ќе се вратат од пазар, не ја­дат дури не се измијат; и уште многу други нешта има што ги примиле и ги запазуваат: ми­ење чаши, чинии, котли и столови. Потоа фарисеите и книжниците Го прашаа: „Зошто Твоите ученици не постапуваат според преданието на ста­решините, туку јадат леб со неизмиени раце?“ А Тој им одговори, велејќи им: „Добро пророкувал Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: ’Овој народ со усните Ме почитува, а неговото срце стои да­ле­ку од Мене; но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби.‘ Вие, оставајќи ја Божјата за­повед, го држите човечкото предание: миење чинии и чаши; и вршите многу други слични работи.“ И им рече: „И така ја отфрлате Божјата заповед, за да го запазите ва­шето предание. Зашто Мојсеј рече: ’Почитувај ги својот татко и својата мајка‘ и ’Кој злослови против својот татко или својата мајка, со смрт да се казни.‘ А вие велите: ’Ако некој човек каже на својот татко или на својата мајка: Она што сакаш да го ползуваш од мене е корбан, односно принос‘, тогаш не му оставате ве­ќе ништо да стори за својот тат­ко или за својата мајка. Така го укинувате словото Божјо со вашето предание, што сте го предале вие; а и многу такви слични работи вр­ши­те.“ И пак го повика народот и ре­че: „Слушајте Ме сите и разберете: ништо, што влегува во устата на чо­векот однадвор, не може да го ос­квер­ни; туку она што излегува од него, тоа го осквернува човекот. Ако некој има уши да слуша, нека чуе!“ И кога се оддалечи од народот и влезе во една куќа, Неговите ученици Го прашаа за параболата. А Тој им рече: „Зарем и вие сте толку неразумни? Не разбирате ли дека ниш­то, што влегува во човекот однадвор, не може да го оскверни? Зашто, тоа не оди во срцето, туку во стомакот, и излегува надвор, чис­теј­ќи ја сета храна.“ И уште им рече: „Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот. Зашто одвнатре, од срцето на луѓето, излегуваат лоши помисли, прељубодеј­ства, блудства, убиства, кражби, ненаситност, злоба, измами, разврат, завидливо око, богохулство, гордост, безумство. Сето тоа зло одвнатре излегува и го осквернува човекот.“ И кога замина оттаму, отиде во тирските и сидонски краишта; влезе во една куќа и сакаше никој да не го дознае тоа. Но не можеше да се сокрие. Зашто за Него чу една жена, чија ќерка имаше нечист дух, па дојде и пад­на ничкум пред Неговите нозе. А таа жена беше друговерка, по по­текло Сирофеничанка; и Го молеше да го истера демонот од ќерка ѝ. Но Исус ѝ рече: „Остави најнапред да се наситат децата; зашто не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.“ А таа одговори и Му рече: „Да, Гос­поди! Но и кучињата јадат под трпезата од трошките што им паѓаат на децата.“ И ѝ рече: „За ова што го рече – оди си! Демонот излезе од ќерка ти.“ И кога таа се врати дома, ја најде ќерка ѝ како лежи на постела, а демонот беше излегол од неа. И, излегувајќи повторно од тирските и сидонски краишта, Исус отиде кон Гали­лејското Море, низ краиштата на Десет­градието. И Му доведоа еден глув и тепкав, па Го молеа да положи ра­ка на него. Откако го одведе настрана од народот, Исус ги стави Своите прсти во не­го­вите уши; па плукна и му го допре јазикот; потоа погледна кон небото, воздивна и му рече: „Ефата!“ – што значи: „Отво­ри се!“ И веднаш му се отворија ушите, и се разврзаа врските на неговиот јазик и говореше чисто. И им заповеда никому да не ка­жу­ваат. Но колку повеќе Тој им забрануваше, толку повеќе тие разгласуваа. И прекумерно се чудеа и велеа: „Сѐ добро прави; и глувите ги прави да слу­шаат и немите да зборуваат!“ Во тие денови, кога се беше собрал многу народ и немаа што да јадат, Исус ги повика Своите ученици и им рече: „Жал ми е за народот, зашто веќе три дена се со Мене и немаат што да јадат. Ако ги распуштам гладни по нивните куќи, ќе премалат по патот, зашто некои од нив се дојдени одда­ле­ку.“ Учениците Му одговорија: „Од каде може некој сите овие да ги нахрани со леб, овде во пустинава?“ И Тој ги праша: „Колку лебови имате?“ А тие одговорија: „Седум.“ Тогаш му заповеда на народот да седне на земјата; па, откако ги зеде се­думте леба, заблагодари, ги прекрши и им ги даде на Своите ученици да ги разделат; и тие ги разделија на народот. Имаа и малку рипчиња; па ги бла­гослови и заповеда да ги раздадат и нив. И јадеа и се наситија; и собраа се­дум кошници со останати парчиња. А оние што јадеа, беа околу четири илјади. И ги распушти. И веднаш влезе во коработ со Своите уче­ни­ци и дојде во Дал­ман­утските предели. И фарисеите излегоа и почнаа да се препираат со Него, па искушувајќи Го, бараа од Него знак од небото. А Тој воздивна длабоко и рече: „Зошто ова поколение бара знак? Вистина ви велам: на ова поколение нема да му се даде знак.“ И кога ги остави, повторно влезе во ко­ра­бот и премина на другата страна. А Неговите ученици беа заборавиле да ги земат лебовите, па освен еден леб немаа друго со себе во коработ. А Тој ги опоменуваше, велејќи: „Вни­ма­вајте, чувајте се од квасот на фарисеите и од квасот на Ирод!“ И си размислуваа меѓу себе, ве­леј­ќи: „Тоа е затоа што немаме леб.“ А Исус, кога ги разбра, им рече: „Зошто зборувате за тоа дека немате леб? Зар уште не сфаќате и не разбирате? Уште ли е скаменето вашето срце? При очи ли, не гледате? При уши ли, не слушате? И не помните ли? Кога ги прекршив петте леба, за пет илјади души, колку полни кошеви со парчиња собравте?“ Му рекоа: „Два­на­есет.“ „А седумте – за четири илјади, кол­ку полни кошници со останати парчиња соб­равте?“ Тие одговорија: „Седум.“ И им рече: „Па како тогаш не раз­бирате?“ Потоа дојде во Витсаида; и Му доведоа еден слеп и Го молеа да го допре. И земајќи го слепиот за рака, го изведе надвор од селото и, откако плукна на неговите очи, ги положи рацете на него, па го праша дали гледа нешто. Тој погледна и рече: „Ги гледам луѓето налик на дрвја кои одат.“ Потоа повторно ги положи рацете на неговите очи и направи да прогледа. И тој се излекува и сите ги гледаше јасно. И го испрати во неговата куќа и му рече: „Немој ниту да влегуваш во селото, ниту некому во селото да рас­ка­жу­ваш!“ И Исус излезе со Своите ученици по селата на Кесарија Филипова. По па­тот ги праша Своите ученици и им ре­че: „Што велат луѓето, Кој сум Јас?“ Тие одговорија: „Јован Крс­ти­тел, други Илија, а трети, пак, еден од пророците.“ Тој им рече: „А вие, што велите, Кој сум Јас?“ Петар Му одгово­ри и ре­че: „Ти си Христос!“ И ги прекори никому да не говорат за Него. Па почна да ги учи дека Синот Чо­вечки треба многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, прво­свеш­те­ниците и книжниците, и да биде убиен и по три дена да воскресне. И говореше за тоа отворено. Но Петар Го повлече насамо и почна да Го одвраќа. А Тој се заврте и ги погледна Своите ученици, па го прекори Петар, велејќи: „Бегај од Мене, са­та­но! Зашто не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко!“ И кога ги повика народот и Своите уче­ници, им рече: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека врви по Мене. Зашто, кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој ќе го загуби својот жи­вот заради Мене и благовестието, тој ќе го спаси. Зашто каква полза има човек ако го придобие целиот свет, а на својата душа ѝ напакости? Или што ќе даде човек во замена за својата душа? Зашто, кој се срами од Мене и од Моите зборови во ова прељубодејно и грешно поколение, и Синот Човечки ќе се сра­ми од него, кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели.“ И Исус им рече: „Вистина ви велам: има некои од овие што стојат овде, кои нема да вкусат смрт додека не го видат царството Божјо, дојдено во сила.“ А по шест дена, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги одведе само нив на една висока гора; и се преобрази пред нив. Алиштата Му станаа сјајни, многу бели, како снег, какви што ни валавичар на земјата не може да избели. И им се јави Илија со Мојсеј, и раз­го­вараа со Исус. Тогаш Петар проговори и Му рече на Исус: „Рави, добро ни е да бидеме ов­де; да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ Зашто не знаеше што да каже, би­дејќи беа многу уплашени. И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас што велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го!“ И одеднаш, кога погледнаа наоколу, веќе никого не видоа покрај себе, освен Исус. А кога слегуваа од гората, Тој им за­по­веда никому да не кажуваат што ви­де­ле, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите. И го задржаа тој збор во себе, пра­шувајќи се еден со друг што значи тоа: „Да воскресне од мртвите?“ И Го прашаа, велејќи: „Зошто книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“ А Тој им одговори и рече: „Навистина, најнапред ќе дојде Илија и ќе уреди сѐ; а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понизен. Но ви велам дека и Илија дојде, и му на­пра­вија што сакаа – ка­ко што е напишано за него.“ И кога дојде кај Своите ученици, виде многу народ околу нив и книж­ни­ци како се препираа со нив. И сиот народ, веднаш штом Го виде, се зачуди; и притрчувајќи кон Него, Го поз­дра­вуваа. Тој ги праша книжниците: „Зошто се препирате со нив?“ Па одговарајќи, еден од народот рече: „Учителе, го доведов кај Тебе син ми, во кого има нем дух; и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, чкрипи со забите и се здрвува. И им кажав на Твоите ученици да го изгонат, но тие не можеа.“ А Исус одговори и рече: „О, неверно поколение, до кога ќе бидам со вас? До ко­га ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!“ И го доведоа кај Него, и штом Го виде, духот веднаш го стресе момчето, и тоа падна наземи и се прпелеше запенето. Исус го праша татко му: „Колку време тоа му се случува?“ Тој одговори: „Од детството; и многупати духот го фрлал во оган и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни!“ А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш – сѐ е можно за оној што ве­рува!“ И таткото на момчето веднаш из­вика и со солзи рече: „Верувам, Гос­по­ди, помогни му на моето неверие!“ А Исус, гледајќи дека се собра народ, строго го прекори нечистиот дух и му рече: „Духу нем и глув, Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!“ И духот вресна, силно го стресе и из­лезе; а момчето беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело. Но Исус го фати за рака и го исправи; и тоа стана. И кога Тој влезе во една куќа, Неговите ученици Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истера­ме?“ И им рече: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“ И кога излегоа оттаму, минуваа преку Галилеја; а Тој не сакаше некој да дознае. Зашто ги учеше Своите ученици и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат и на третиот ден по убивањето ќе воскресне. Но тие не ги разбираа овие зборови, а се плашеа да Го прашаат. И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: „Што се расправавте меѓу себе по патот?“ Но тие молчеа, зашто патем се расправаа меѓу себе кој е најголем. Тој седна и ги повика дванаесеттемина, па им рече: „Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите и служител на си­те!“ И зеде едно дете, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече: „Кој прима едно од ваквите деца во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Мене Ме прима, туку Оној што Ме пратил.“ Тогаш Јован Му одговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој не врви по нас, а во Твое име изгонува демони; и му забранивме, зашто не оди по нас.“ А Исус рече: „Не бранете му, заш­то никој што прави чудо во Мое име, наскоро не ќе може да злослови за Мене. Зашто, кој не е против вас, тој е со вас. И кој ќе ве напои со чаша вода во Мое име, затоа што сте Христови, вистина ви велам, нема да ја изгуби својата на­града.“ „А кој ќе соблазни едно од овие ма­ли, што веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да се фрли в море. И ако те соблазнува твојата рака, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку со две раце да отидеш во пеколот, во не­изгасливиот оган, каде што нивниот црв не умира и огнот не изгаснува. И, ако те соблазнува твојата нога, отсечи ја; подобро е за тебе куц да влезеш во животот, отколку со двете нозе да бидеш фрлен во пе­ко­лот, во неизгасливиот оган, каде што нивниот црв не умира и огнот не изгаснува. И, ако твоето око те соблазнува, из­вади го; подобро е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо, отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во ог­нениот пекол, каде што нивниот црв не умира и огнот не изгаснува. Зашто секој со оган ќе се посоли и секоја жртва со сол ќе се осоли. Солта е добра; но ако солта го изгуби вкусот, со што ќе ја зачините? Имајте сол во себе, и мир имајте меѓу себе!“ И откако стана оттаму, Исус отиде во јудејските краишта, отаде Јордан. И пак се слеваше народ кон Него; а Тој повторно ги поучуваше, како што Му беше обичајот. И Му пристапија некои од фарисеите и Го пра­шаа, искушувајќи Го: „Допуштено ли е мажот да ја остави својата жена?“ А Тој им одговори и рече: „Како ви заповеда Мојсеј?“ Тие рекоа: „Мојсеј допушти да ѝ се напише разводно писмо и да се остави.“ Исус им одговори и им рече: „Поради тврдокорноста на вашето срце ви ја напишал таа заповед. Во почетокот на создавањето, пак, Бог ги создаде машко и женско. Затоа човек ќе ги остави својот татко и својата мајка и ќе се прилепи до својата жена и обајцата ќе бидат едно тело; и та­ка, тие веќе не се двајца, туку едно тело. А тоа што го соединил Бог, човек да не го разделува.“ И во куќата, Неговите ученици повторно Го прашаа за тоа. И им рече: „Оној што ќе ја остави сво­ја­та жена и ќе се ожени со друга, тој прави прељуба со неа; а и жена, ако го остави својот маж и се омажи за друг, прави прељуба.“ И донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив, но учениците им забрануваа на оние што ги носеа. Но кога Исус го виде тоа, негодува­ше и им рече: „Оставете ги децата да доа­ѓа­ат кај Мене и не бранете им, зашто на такви е царството Божјо. Вистина ви велам, кој нема да го прими царството Божјо како дете, нема да влезе во него.“ И, откако ги прегрна, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше. А кога излегуваше на пат, некој дотрча, падна на колена пред Него и Го праша: „Добар учителе, што треба да направам за да наследам вечен живот?“ Исус му рече: „Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен еди­ниот Бог! Ги знаеш заповедите: не прави прељуба, не убивај, не кради, не све­до­чи лажно, не наштетувај; почитувај ги својот татко и својата мајка.“ А тој Му одговори и рече: „Учи­те­ле, сето тоа сум го запазил уште од својата мла­дост.“ А Исус, кога го погледна, го возљуби, па му рече: „Уште едно ти не­достасу­ва: оди, продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небо­то; па дојди, земи го крстот и врви по Мене“ Тој се натажи кога ги чу овие зборови, и си отиде нажален, бидејќи имаше многу имот. Исус погледна наоколу, па им рече на Своите ученици: „Колку е тешко за бо­гатите да влезат во царството Божјо!“ А учениците се уплашија од Неговите зборови. Но Исус повторно им рече: „Чеда, колку им е тешко да влезат во царството Божјо на оние што се надеваат на богатството! Полесно ѝ е на камила да мине низ иг­ле­ни уши, отколку на богат да влезе во царството Божјо.“ А тие многу се зачудија и си велеа ме­ѓу себе: „Тогаш, кој може да се спаси?“ Исус ги погледна и им рече: „За луѓето тоа е неможно, но не и за Бога; зашто за Бога сѐ е можно!“ И Петар почна да Му говори: „Ете, ние оставивме сѐ и појдовме по Тебе.“ А Исус одговори и рече: „Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца или ниви, за­ради Мене и заради благовестието, а да не примил, уште сега, во ова време, стопати повеќе куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца и нив­и, заедно со прогонувањата, а во идниот век – и вечен живот. Но мнозина први ќе бидат последни, а последните – први.“ Кога беа на пат, искачувајќи се кон Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие се чудеа и одеа по Него со страв. И кога ги повика повторно дванаесеттемина, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него. „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците. И ќе Го исмеат, и ќе Го камшикуваат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат и во третиот ден ќе воскресне.“ Тогаш Му пристапија За­ве­деевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: „Учителе, сакаме да ни го исполниш она што ќе Ти го побараме.“ Тој ги праша: „Што сакате да сто­рам за вас?“ А тие Му одговорија: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а дру­ги­от одлево, во Твојата слава.“ Но Тој им рече: „Не знаете што ба­рате! Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крш­тевањето со кое се крштевам Јас?“ Тие одговорија: „Можеме.“ А Исус им рече: „Чашата што ја пијам Јас, ќе ја пиете, и со крштевањето, со кое се крштевам Јас, ќе се крстите; но да се седи од Мојата десна или лева страна, не е Мое да дадам, туку тоа е за оние за кои е подготвено.“ Десетте, пак, штом го чуја тоа, не­годуваа против Јаков и Јован. Но Исус ги повика и им рече: „Зна­ете дека оние што важат за кнезови на народите, господарат над нив, и големците владеат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; туку кој сака да биде големец меѓу вас, нека ви биде служител; и кој сака да биде прв меѓу вас, нека биде слуга на сите. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, туку да служи и да го да­де Својот живот за откуп на мнозина.“ Потоа пристигнаа во Ерихон. И ко­га Исус излегуваше од Ерихон со Своите уче­ници и со многу народ, Тиме­евиот син, Вартимеј, кој беше слеп, седеше покрај патот и просеше. Па, кога чу дека е тоа Исус од На­зарет, почна да вика и да вели: „Исусе, сине Давидов, смилувај ми се!“ И мнозина го укоруваа да молчи, но тој уште повеќе викаше: „Сине Дави­дов, смилувај ми се!“ Исус застана и рече да го викнат. И го повикаа слепиот, велејќи му: „Биди храбар, стани, те вика!“ А тој ја фрли својата облека, стана и дојде кај Исус. А Исус, одговарајќи му, го за­пра­ша: „Што сакаш да сторам за тебе?“ Слепиот Му рече: „Да прогледам, Равуни!“ А Исус му рече: „Оди си, твојата вера те спаси!“ И тој веднаш прогледа, па тргна по Исус по патот. И кога се приближи до Еру­салим, во Витфагија и Витанија, кај Маслиновата Гора, Исус испрати двајца од Своите ученици, и им рече: „Одете во селоно, што е наспроти вас, па штом ќе влезете во не­го, ќе најдете врзано прле, што ниеден човек не го јавал; одврзете го и доведете го! А ако некој ви рече: ’Зошто го пра­вите тоа?‘ Кажете дека Му е потребно на Господ; и тој веднаш ќе го прати ту­ка.“ Тие отидоа и најдоа прле, врзано за портата однадвор, на крстопатот, и го одврзаа. И некои од оние, што стоеја таму, им рекоа: „Што правите? Зошто го од­врзувате прлето?“ А овие им одговорија како што им беше заповедал Исус и тие ги оставија. И го доведоа прлето кај Ис­ус, ги положија врз него своите алишта и Тој седна на него. И мнозина ги постилаа своите облеки по патот; други, пак, сечеа гран­чиња од дрвјата и ги постилаа по патот. А оние, што врвеа пред Него и по Не­го, извикуваа, велејќи: „Осана! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово! Благословено е царството на наши­от татко Давид, кое доаѓа во името Гос­по­дово! Осана во висините!“ И Исус влезе во Ерусалим, и во хра­мот, разгледа сѐ, па, бидејќи веќе беше доцна, излезе и отиде со дванаесеттемина во Витанија. А утредента, кога излегоа од Ви­та­нија, Тој огладне; и откако оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи за да види дали ќе најде нешто на неа; но кога се доб­лижи до неа, не најде ништо освен лис­ја, зашто уште не беше времето за смокви. И проговори Исус и ѝ рече: „Отсега никој да не вкуси плод од тебе довека!“ И Неговите ученици го чуја тоа. И дојдоа во Ерусалим. И откако влезе Исус во храмот, почна да ги истерува оние што продаваа и купуваа во хра­мот, и им ги преврте масите на менува­чите на пари и столовите на оние што продаваа гулаби; и не дозволуваше никој преку хра­мот да пренесе каков и да било сад. И ги поучуваше, велејќи: „Зар не е напишано: ’Мојот дом ќе се нарече дом за молитва на сите народи‘? А вие го направивте разбојничка пештера!“ И кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, бараа начин како да Го погубат, бидејќи се плашеа од Него, зашто сиот народ се восхитуваше на Неговото учење. А кога се стемни, Тој излезе надвор од градот. Следното утро, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен. И Петар се сети и Му рече: „Рави, погледај! Смоквата, што ја про­колна, се исушила!“ А Исус им одговори и рече: „Имајте вера во Бога. Зашто, вистина ви велам, ако некој ѝ рече на оваа планина: ’Крени се и фрли се во морето!‘ и не се посомнева во своето срце, туку по­ве­рува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже. Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе добиете – и ќе ви се оствари. И кога стоите на молитва, прос­ту­вај­те ако имате нешто против некого, та и вашиот Отец, Кој е на небесата, да ви ги прос­ти вашите грешки. Ако ли, пак, вие не простувате, и вашиот Отец, Кој е на небесата, нема да ви ги прости вашите грешки.“ И пак дојдоа во Ерусалим; а кога Исус одеше низ храмот, кај Него дојдоа првосвештениците, книжниците и старешините, па Му рекоа: „Со каква власт го правиш тоа? И кој Ти ја дал таа власт да го правиш ова?“ А Исус им одговори и рече: „Ќе ве прашам и Јас нешто и одговорете Ми, па ќе ви кажам, со каква власт го правам ова. Јовановото крштевање беше од небото или од луѓето? Одговорете Ми.“ А тие си говореа и велеа: „Ако кажеме ’од небото‘ – ќе рече: ’Па зошто не му поверувавте?‘ Но ако кажеме: ’од луѓето‘“ – се плашеа од народот; зашто сите го сме­таа Јован за вистински пророк. И, одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Исус им одговори и ре­че: „Ниту Јас не ви кажувам со каква власт го правам ова.“ И почна да им говори во пара­боли: „Еден човек насади лозје, го огради, па ископа место за преса и соѕида кула; и им го предаде на ло­за­ри­те, па замина на пат. А кога дојде времето за берба, испрати кај лозарите слуга, за да го прибере од нив плодот на лозјето. Но тие го фатија слугата, го претепаа и го испратија со празни раце. И повторно испрати друг слуга кај нив; и него го нападнаа со камења и му ја расцепија главата, па го пратија посрамен. Испрати и друг; него, пак, го убија; и мнозина други, од кои едните ги претепаа, дру­гите ги убија. А уште имаше и еден син, кој му беше возљубен; па најпосле го испрати и него кај нив, велејќи си: ’Ќе се засрамат од син ми.‘ Но лозарите си рекоа меѓу себе: ’Овој е наследникот; ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше!‘ Па го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето. Што ќе направи господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лоза­ри­те, а лозјето ќе го даде на други. Зар не сте го читале ова во Пис­мо­то: ’Ка­менот, што го отфрлија ѕида­ри­те, стана камен темелник; тоа е од Господ и чудесно е во нашите очи­.‘“ И сакаа да Го фатат, но се уплашија од народот, зашто разбраа дека за нив ја кажа параболата; па Го оставија и си отидоа. А пратија кај Него неколкумина од фари­се­ите и од Иродовците, за да Го фатат на збор. Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си вистинит и дека не се плашиш од никого, зашто не се водиш според изгледот на луѓето, туку вистински поучуваш за Божјиот пат. Дозволено ли е да се дава данок на цезарот или не? Да даваме ли или да не даваме?“ А Тој, знаејќи го нивното лицемерие, им рече: „Зошто Ме искушувате? Донесете Ми еден динариј да го видам!“ И тие Му донесоа. Па им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“ Тие Му рекоа: „На цезарот.“ Тогаш Исус им одговори и рече: „Дајте го цезаревото на цезарот, а Бож­јото на Бога!“ И тие Му се чудеа. Дојдоа кај Него и некои од садукеите, кои ве­лат дека нема воскресение, и Го пра­шаа, говорејќи: „Учителе, Мојсеј ни напиша: ’Ако некому му умре братот и остави жена, а не остави деца, неговата жена нека ја земе брат му и нека му подигне потомство на својот брат.‘ Си беа седуммина браќа: првиот зеде жена и кога умре, не остави пород. Неа ја зеде вториот, и умре, но и тој не остави пород; исто така и третиот. Ја зедоа сите седуммина, и не оста­вија пород. По нив умре и жената. При воскресението, кога ќе вос­креснат, на кого од нив таа ќе му биде же­на? Зашто седумтемина ја имаа за же­на.“ А Исус им одговори и рече: „Зарем причината за вашата заблуда не е во тоа што не ги познавате ниту Писмата ниту Божјата сила? Зашто, кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат ниту ќе се мажат, туку ќе бидат како ангели на не­бесата. А за мртвите, дека ќе воскреснат, зар не сте читале во книгите на Мојсеј, како му рече Бог кај капината, велејќи: ’Јас сум Бог на Авраам, и Бог на Исак и Бог на Јаков‘? Тој не е Бог на мртвите, туку Бог на живите. Вие сте во голема заблуда!“ Тогаш пристапи еден од книж­ни­ците, кој ги слушаше како се препираат и откако виде дека Исус добро им одговараше, Го праша: „Која е првата од сите заповеди?“ А Исус му одговори: „Првата од сите заповеди е: ’Чуј Израиле! Господ, Бог наш, е еден Господ. Затоа, возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја сила!‘ Ова е првата заповед. А втората е слична на неа: ’Возљуби го својот ближен како себеси!‘ Друга за­по­вед, поголема од овие, нема.“ Книжникот Му рече: „Добро, Учи­теле. Право кажа дека Бог е еден и де­ка нема друг, освен Него; и дека да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш својот ближен како себеси е поважно од сите сепаленици и жртви.“ Исус, пак, кога виде дека умно од­говори, му рече: „Не си далеку од царството Божјо.“ И никој веќе не се ос­мелуваше да Го прашува. И продолжувајќи да поучува во храмот Исус рече: „Како тоа книж­ни­ците велат дека Христос е син на Давид, кога самиот Давид кажа преку Светиот Дух: ’Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите неприја­тели за подножје на Твоите нозе!‘ И така, сам Давид Го нарече Гос­под; како тогаш Тој може да му е син?“ И многу народ Го слушаше со задовол­ство. И во Својата поука им рече: „Чувајте се од книжниците, кои милуваат да одат во долги облеки и да бидат поздравувани по пазариштата, да имаат предни места во синагогите и први места на гозбите; што ги подјадуваат домовите на вдовиците и навидум долго се мо­лат. Тие ќе добијат потешка пресуда.“ Па седна Исус спроти ризницата и гледаше како народот пушта пари во неа. Мнозина богати пуштаа многу. И кога дојде една бедна вдовица, пушти две лепти, што изнесува еден кодрант. А Исус ги повика Своите уче­ни­ци, и им рече: „Вистина ви велам, оваа бедна вдовица приложи повеќе од сите што пуштија во ризницата; зашто сите пуштија од својот ви­шок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, сета своја издршка.“ А кога излегуваше од храмот, еден од Неговите ученици Му рече: „Учителе, гледај какви камења и какви градби!“ А Исус му одговори и рече: „Ги гледаш ли овие големи градби? Нема да остане тука ниту ка­мен на камен, што нема да биде урнат!“ А кога седеше на Маслиновата Гора, спроти храмот, Пе­тар, Јаков, Јован и Андреј насамо Го прашаа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа и каков ќе биде знакот кога сето тоа ќе треба да се исполни?“ Исус, одговарајќи им, почна да збо­рува: „Пазете се да не ве прелаже не­кој! Зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи дека сум Јас; и ќе прелажат мнозина. А кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се; зашто сето тоа треба да се случи; но тоа сѐ уште не е крајот. Бидејќи ќе се крене народ против народ и царство против царство; а на некои мес­та ќе има и земјотреси, и глад и метежи. Тоа е по­четокот на стра­да­њата. Но вие пазете се, зашто ќе ве предаваат на судови; и ќе ве тепаат по синагогите, и ќе бидете изведувани пред управници и пред цареви заради Мене, за сведоштво пред нив. И кај сите народи најнапред треба да се проповеда благовестието. А кога ќе ве поведат, за да ве предадат, не грижете се однапред што ќе говорите, ниту претходно обмислувајте; туку она што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; зашто не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух. И брат брата ќе предаде на смрт, и татко дете, и ќе се дигнат деца против родители, и ќе ги убијат. Ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но кој ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен.“ „А кога ќе ја видите одвратноста на запустувањето, за која говори пророк Даниил, како стои каде што не тре­ба – кој чита, нека разбере – тогаш, оние што се во Јудеја, нека бегаат по плани­ни­те; и кој е на покривот, да не слегува во куќата, ниту да влегува да земе нешто од својата куќа; и кој е на нива, да не се враќа за да си ја земе облеката! Тешко на бремените и на доилките во тие денови! Туку молете се вашето бегство да не биде во зима! Зашто во тие денови ќе има неволја, как­ва што досега немало од почетокот на светов, што го создаде Бог, а и нема да има. И ако Господ не ги скрати тие денови, тогаш никој и ништо не би се спасило; но заради избраните, кои ги избра Тој, ги скрати деновите. Ако некој тогаш ви каже: ’Еве, ов­де е Христос‘, или: ’Ене, таму е‘, не веру­вај­те! Зашто, ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, и избраните. Но вие – чувајте се! Ете, сѐ од­на­пред ви кажав! Во тие денови, по неволите, сонцето ќе се помрачи и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите ќе паѓаат од небото и си­лите, што се на небото, ќе се раз­ни­ша­ат. И тогаш ќе Го видат Синот Чо­веч­ки како доаѓа на облаци со голема сила и слава. Тогаш Тој ќе ги испрати Своите ангели и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото. Научете ја параболата од смоквата: кога нејзините гранки ќе станат кревки и ќе разлистат, знаете дека е близу летото. Па така и вие, кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека Тој е близу, пред врата! Вистина ви велам: нема да помине ова поколение, додека сето тоа не се случи. Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат!“ „А за тој ден и тој час никој не знае, ниту ангелите на небесата, ниту Синот, а само Отецот. Внимавајте, бидете будни и молете се, зашто не знаете кога ќе дојде часот. Како човек кој, заминувајќи, ја ос­тава својата куќа и на своите слуги им дава власт, и секому своја работа, а на вратарот му заповеда да биде буден. Затоа, бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде домаќинот на куќата, прик­ве­чер ли, или на полноќ, или кога ќе пропеат петлите или наутро, па да не дојде ненадејно и да ве за­тече како спиете. Она што ви зборувам вам, им го зборувам на сите: Бидете будни!“ По два дена беше Пасха и празникот Бесквасници. А прво­свеш­тениците и книжниците сакаа да Го фа­тат на измама и да Го убијат; но велеа: „Не на празникот, за да не настане бунт меѓу луѓето.“ А кога Тој беше во Витанија и седеше на трпеза во ку­ќата на Симон Лепрозниот, дојде една жена со алабастерен сад со скапоцено и чисто нардово миро и, кога го искрши садот, го изли мирото врз Неговата глава. А имаше некои што негодуваа во себе и говореа: „Зошто мирото да се растура? Тоа можеше да се продаде за повеќе од триста динарии, и да им се раздадат на сиромасите.“ И негодуваа против неа. Но Исус рече: „Оставете ја; зошто ја обеспокојувате? Таа направи добро де­ло кон Мене! Сиромасите секогаш ги имате со вас и кога и да сакате можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш. Таа го направи тоа што можеше: однапред го помаза Моето тело за пог­ребение. Вистина ви велам: каде и да се про­поведа ова благовестие по сиот свет, ќе се прикажува и ова што таа го направи, за нејзин спомен.“ Тогаш Јуда Искариотски, еден од дванаесеттемина, отиде кај прво­свеш­те­ни­ци­те за да им Го предаде. А тие, штом чуја, се зарадуваа и ве­тија да му дадат пари. И бараше погодно време за да Го предаде. А во првиот ден на празникот Бесквасници, кога го колеа пасхалното јагне, Неговите ученици Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш Пасхата?“ И испрати двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во градот; и ќе ве срет­­не еден човек, што носи стомна со вода; одете по него. И на домаќинот на куќата во која тој ќе влезе, кажете му: ’Учителот прашува: каде е собата во која ќе ја јадам Пасхата со Своите ученици?‘ И тој ќе ви покаже голема, послана и приготвена соба на горниот кат; таму згответе ни.“ И Неговите ученици излегоа и дојдоа во градот, и најдоа сѐ како што им бе­ше рекол, па ја приготвија Пасхата. Кога се стемни, Тој дојде со два­наесеттемина. И кога седеа на трпезата и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме пре­даде.“ Тие се разжалостија и почнаа еден по еден да прашуваат: „Да не сум јас?“ И друг: „Да не сум јас?“ А Тој им одговори и рече: „Еден од дванаесеттемина е, што со Мене мака во чи­нијата. Но Синот Човечки си оди, како што е напишано за Него. Само тешко на оној човек преку кого Синот Чо­веч­ки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не се беше родил!“ И кога јадеа, Исус зеде леб, и бла­гословувајќи, го прекрши, па им даде и рече: „Земете, јадете; ова е Моето тело.“ Потоа ја зеде чашата и заблагодарувајќи, им ја даде; и се напија од неа сите. И им рече: „Ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина. Вистина ви велам: веќе нема да пијам од лозовиот плод сѐ до оној ден кога ќе пијам нов во царството Божјо.“ Па, откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Го­ра. И Исус им рече: „Сите ќе се соб­лаз­ните поради Мене во оваа ноќ, зашто е напишано: ’Ќе удрам по пастирот и овците ќе се разбегаат.‘ А по Моето воскресение ќе отидам пред вас во Галилеја.“ Петар Му рече: „Дури и сите да се соблазнат, јас нема!“ И Исус му рече: „Вистина ти велам дека уште денес, во оваа ноќ, пред да пропее петел двапати, ти трипати ќе се одречеш од Мене!“ Но тој уште поодлучно говореше: „Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.“ И сите го рекоа истото. Пристигнаа во едно место, наречено Гетсиманија; и им рече на Своите ученици: „Поседете овде, додека да се помолам!“ И ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован; и Го опфати длабок немир и почна да тагува, па им рече: „Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и бидете будни!“ Па откако малку се оддалечи, падна на земја и се молеше, ако е можно, да Го одмине тој час; и велеше: „Ава, Оче, сѐ е можно за Тебе; отклони ја од Мене оваа чаша; но нека биде не како што Јас сакам, туку како Ти!“ Па дојде и ги затече како спијат, и му рече на Петар: „Симоне, спиеш ли? Не можеше ли еден час да бидеш буден? Бидете будни и молете се, за да не пад­не­те во искушение. Духот е бодар, но телото е слабо.“ И повторно отиде и се помоли, изгова­рај­ќи ги истите зборови. А кога се врати, повторно ги затече како спијат, зашто очите им беа натежнале; и не знаеја што да Му одговорат. И по третпат дојде и им рече: „Сѐ уште спиете и одмарате! Доволно е, дојде часот; еве, Синот Човечки се предава во рацете на грешници. Станете, да одиме! Еве, се приближи оној што Ме предава.“ И веднаш, додека Тој сѐ уште гово­реше, дојде Јуда, еден од дванаесеттемина, и со него многу народ со мечеви и со ста­пови, испратени од прво­свеш­тениците, книжниците и старешините. А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Оној што ќе Го целивам, Тој е: фатете Го и водете Го претпазливо!“ Па, кога дојде, веднаш пријде до Него и рече: „Те поздравувам, Рави!“ И Го целива. А тие ги ставија своите раце на Не­го и Го фатија. Еден, пак, од оние, што стоеја таму, из­вади нож, го удри слугата на прво­свештеникот и му го отсече увото. Исус проговори и рече: „Зар како на разбојник сте излегле со мечеви и стапови да Ме фатите? Секој ден бев со вас во храмот и поучував, и не Ме фативте. Но нека се исполнат Писанијата.“ И сите Го оставија и се разбегаа. А по Него врвеше некој млад човек, наметнат со платно врз голо тело; и војниците го фатија тој млад човек. Но тој го остави платното и побегна од нив гол. И Го доведоа Исус кај прво­свеш­те­никот, и таму се собраа сите прво­свеш­теници, старешини и книжници. А Петар одеше по Него оддалеку, сѐ до внатре, во дворот на прво­свеш­теникот; па седна со слугите и се гре­еше на огнот. А првосвештениците и целиот Синед­рион бараа сведоштва против Исус, за да Го погубат, и не наоѓаа. Зашто мнозина лажно сведочеа против Него, но тие сведоштва не се сложуваа. Па станаа некои и сведочеа лажно против Него, велејќи: „Го чувме кога рече: ’Ќе го урнам овој ракотворен храм и за три дена ќе соѕидам друг, неракотворен.‘“ Но ниту тоа нивно сведочење не се сложуваше. Тогаш првосвештеникот застана на средина и Го праша Исус говорејќи: „Ништо ли не одговараш? Што све­до­чат овие против Тебе?“ Но Тој молчеше и ништо не одгова­раше. Првосвештеникот повторно Го праша и Му рече: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?“ Исус рече: „Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на Силата и како доаѓа на небесните обла­ци­.“ А првосвештеникот ја раскина својата облека и рече: „Каква потреба имаме веќе од сведоци? Чувте како богохули; што мис­ли­те?“ И сите пресудија дека зас­лужува смрт. А некои почнаа да плукаат на Него, да Му го покриваат лицето, да Го уди­ра­ат и да Му велат: „Погоди!“ И слу­гите Го удираа по образите. А кога Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на прво­свеш­теникот, па, штом го виде Петар како се грее, го погледна и рече: „И ти бе­ше со Исус Назареецот.“ Но тој одрече, велејќи: „Не знам, ниту разбирам што говориш.“ И излезе надвор пред дворот и запеа петел. Слугинката, гледајќи го повторно, почна да им зборува на оние што стоеја таму: „И овој е од нив!“ Тој повторно одрече. И малку подоцна, оние, што стоеја таму, повторно му рекоа на Петар: „На­вис­тина, и ти си од нив; бидејќи си Га­ли­ле­ец, а и говорот ти е таков!“ А тој почна да се колне и заколнува: „Не Го познавам Човекот за Ко­го говорите!“ И по вторпат петел запеа. И Петар се сети на зборовите, што му ги кажа Исус: „Уште пред двапати петел да за­пее, трипати ќе се одречеш од Мене.“ И почна да плаче. И изутрината, прво­свештениците одржаа состанок со старешините и книжниците и целиот Синедрион, па Го врзаа Исус, Го од­ведоа и му Го предадоа на Пилат. А Пилат Го праша: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Тој одговори и рече: „Ти велиш.“ И првосвештениците Го обвинуваа за многу работи. А Пилат повторно Го праша, велејќи: „Ништо ли не одговараш? Гледаш ли за кол­ку работи Те обвинуваат!?“ Но Исус повеќе не одговори ништо, така што Пилат се чудеше А на секој празник им ослободуваше по еден осуденик, кого тие ќе по­ба­раа. И имаше некој, по име Варава, кој беше окован со своите бунтовници кои при еден бунт извршиле уби­ство. И, викајќи, народот почна да го моли Пилат да им го направи она што секогаш го правеше. А Пилат им одговори, велејќи: „Сакате ли да ви Го ослободам Царот на Јудејците?“ Зашто знаеше дека прво­свеш­те­ни­ците Го беа предале од завист. Но првосвештениците го наговорија народот да бара да им го ослободи Ва­ра­ва. А Пилат одговори повторно и им рече: „Тогаш што сакате да направам со Оној Кого Го нарекувате Цар Јудејски?“ Тие одново гласно извикаа: „Распни Го!“ Пилат им рече: „Па какво зло напра­вил?“ Но тие уште посилно извикаа: „Распни Го!“ Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го ослободи Варава, а Ису­са Го камшикуваше и Го предаде да биде распнат. Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и по­викаа цела чета, па Му облекоа пурпурна наметка, и откако сплетоа трнов венец, Му го ставија на главата; и почнаа да Го поздравуваат: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ И Го удираа по главата со трска, плукаа на Него и, па­ѓајќи на колена, Му се поклонуваа. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа пурпурната наметка, Му ја облекоа Неговата облека и Го поведоа да Го распнат. И натераа еден минувач, кој се враќаше од поле, некој Симон Ки­ри­неец, таткото на Алексан­дар и на Руф, да Му го носи крстот. Па Го доведоа на местото Голгота, што преведено значи: Черепно Место. И Му дадоа да пие вино со смирна, но Тој не зеде. И, штом Го распнаа, ги разделија Неговите алишта, фрлајќи ждрепка за нив, кој што да земе. А беше третиот час кога Го распнаа. И беше напишан натпис со Неговата вина: „Царот Јудејски.“ А со Него распнаа и двајца разбојници, едниот од десната, а дру­ги­от од Неговата лева страна. И се исполни Писанието, кое вели: „И меѓу беззаконици Го ставија.“ А минувачите Го хулеа, нишајќи ги своите глави и велеа: „Еее! Ти, што го уриваш храмот и за три дена го соѕидуваш, спаси се Себеси и слези од крстот!“ Исто така и првосвештениците со книжниците, потсмевајќи се говореа: „Други спасуваше, а Себеси не може да се спаси! Христос, Царот Израилев, нека слезе сега од крстот, па да видиме и да Му поверуваме!“ Го исмејуваа и распнатите со Него. А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час. И во деветтиот час Исус извика со силен глас, велејќи: „Елои, Елои, Лима са­вах­та­ни?“ А тоа значи: „Боже Мој, Бо­же Мој, зошто Ме остави?“ И некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: „Ете, го вика Илија!“ А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, го надена на трска па Му да­ваше да пие, велејќи: „Чекајте да ви­диме дали ќе дојде Илија да Го симне.“ А Исус испушти силен глас и из­див­на. И завесата на храмот се расцепи на две, одозгора додолу. А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Тој, откако извика така и издивна, рече: „Навистина Овој Човек беше Син Божји!“ Имаше и жени што гледаа одда­ле­ку; меѓу нив беше и Марија Магдалина, и Марија, мајката на Јаков Малиот и на Јосија, и Саломија, кои и тогаш, кога Тој беше во Га­ли­леја, врвеа по Него и Му служеа, а имаше и мно­гу други што беа дошле со Него во Еру­салим. А кога веќе се стемни, бидејќи беше петок, односно ден спроти сабота, дојде Јосиф од Ариматеја, угледен советник, кој и сам го очекуваше царството Божјо, и се осмели да влезе кај Пилат и го побара Исусовото тело. Пилат се зачуди дека Тој веќе ум­рел; па го повика стотникот, го пра­ша дали одамна умрел. Па, штом дозна од стотникот, му го даде телото на Јосиф. А Јосиф купи платно, го сим­на телото, го обви во платното и го по­ложи во гроб, што беше издлабен во карпа, и на­вали камен на гробната вра­та. А Марија Магдалина и Марија Јо­сиева гледаа каде Го полагаат. Штом мина саботата, Марија Магдалина, Марија Јаковова и Саломија купија мириси, за да дојдат и да Го помазаат Исус. И во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгрева­ше сонцето, па си зборуваа меѓу себе: „Кој ќе ни го одвали каменот од гробната врата?“ И кога погледнаа, видоа дека ка­ме­нот е одвален, а тој беше многу голем. Штом влегоа во гробот, видоа еден млад човек, облечен во бели алишта, како седи од десната страна; и се уп­ла­шија. А тој им рече: „Не плашете се! Вие Го барате Исус Назареецот, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што Го положија. Но одете, кажете им на Неговите ученици и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол.“ Па, штом излегоа, побегнаа од гробот, зашто ги опфати страв и ужас, и никому ништо не рекоа, зашто се пла­шеа. А Исус, кога воскресна рано наутро во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалина, од која беше исте­рал седум демони. Таа отиде и им јави на оние што беа со Него и што плачеа и ридаа. Но тие, кога чуја дека е жив и дека таа Го видела, не поверуваа. Потоа им се јави во друг лик на двај­ца од нив по пат, кога одеа в село. И штом се вратија, тие им кажаа на останатите; но и ним не им поверуваа. Најпосле им се јави на единаесеттемина, кога беа на трпеза, и ги укори за нивното неверие и тврдокорност, зашто не им поверуваа на оние кои Го видоа вос­креснат. Па им рече: „Одете по сиот свет и проповедајте го благовестието на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден. А знаците, на оние што ќе поверу­ва­ат, ќе им бидат овие: во Моето име ќе истеруваат демони; ќе говорат нови ја­зици; ќе фаќаат змии во рацете и ако нешто смр­то­носно испијат, нема да им наштети; на болни ќе полагаат раце и тие ќе оз­дра­вуваат.“ А откако им го рече ова, Господ се вознесе на небо и седна од десната стра­на на Бога. Тие, пак, отидоа и проповедаа на­се­каде; и Господ им содејствуваше и им го поткрепуваше словото со чудата што се јавуваа. Амин! Бидејќи мнозина се обидоа да состават повест за настаните што се беа случиле меѓу нас, како што ни ги предадоа оние што уште од почетокот беа очевидци и слу­жители на Словото, затоа, најпочитуван Теофиле, и мене ми се виде добро, откако испитав подробно сѐ од почетокот, да ти опишам по ред, за да ја познаеш веродостојноста на тоа, во кое си поучуван. Во деновите на Ирод, јудејскиот цар, имаше еден свештеник по име За­ха­рија, од редот на Авија; а жена му беше од Ароновите ќерки и се викаше Ели­са­вета. И обајцата беа праведни пред Бога, постапувајќи беспрекорно според сите Господови заповеди и повелби. Тие немаа деца, зашто Елисавета бе­ше неплодна; а обајцата беа веќе во поод­ми­нати години. Еднаш, додека тој по редот на својот чин служеше пред Бога, според обичајот на свештенството, нему му се падна ждрепката да влезе во Господовиот храм и да покади. За време на кадењето целото мноштво народ се молеше надвор. Тогаш му се јави ангел Господов, кој стоеше од десната страна на кадилниот жртвеник. Захарија се вознемири кога го виде и страв го обзеде. Но ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија, зашто твојата молба е ус­ли­шана и жена ти Елисавета ќе ти роди син и ќе му дадеш име Јован. И ќе ти биде радост и веселие и мно­зина ќе се зарадуваат поради негово­то ра­ѓање. Зашто тој ќе биде велик пред Гос­под и нема да пие вино ниту жесток пијалак, а ќе се исполни со Светиот Дух уште во утробата на својата мајка; и мнозина од Израилевите синови ќе обрати кон нивниот Господ Бог; и тој ќе оди пред Него во духот и си­лата на Илија, за да ги сврти срцата на татковците кон децата и непокорни­те кон мудроста на праведните, па да Му приготви на Господа подготвен народ.“ А Захарија му рече на ангелот: „По што ќе го познам тоа? Зашто јас сум стар, а и жена ми е веќе во поодминати години.“ Ангелот му одговори и рече: „Јас сум Гаврил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и да ти го благовестам ова; и ете, ти ќе замолкнеш и не ќе можеш да зборуваш до оној ден кога ќе се случи тоа, затоа што не им поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.“ Народот го чекаше Захарија и се чудеше зошто се задржа во храмот. А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и така разбраа дека имал ви­дение во храмот. Тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем. И откако се исполнија деновите на него­ва­та служба, тој се врати дома. По тие денови зачна неговата жена Елисавета и криеше пет месеци, велејќи: „Така ми направи Господ во дено­ви­те кога погледна милостиво на мене за да го отстрани мојот срам меѓу луѓето.“ А во шестиот месец ангелот Гаврил беше испратен од Бога во галилејскиот град, по име Назарет, кај една девојка, свршена за маж по име Јосиф, од Давидовиот дом; а името на девојката беше Марија. И кога дојде ангелот кај неа, рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“ А таа, штом го виде, се вознемири од неговите зборови и размислуваше каков ли е тој поздрав. И ангелот ѝ рече: „Не плаши се, Марија, зашто си нашла благодат во Бога; и ете, ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Му дадеш име Исус. Тој ќе биде велик и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид; и ќе царува над Јакововиот дом довека и Неговото царство нема да има крај.“ А Марија му рече на ангелот: „Ка­ко ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“ Ангелот ѝ одговори и рече: „Све­ти­от Дух ќе слезе врз тебе и силата на Се­вишниот ќе те осени; па затоа и Светиот, Кој ќе се роди, ќе се нарече Син Божји. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна, и таа зачна син во староста и веќе е во шестиот месец; зашто за Бога ништо не е невозможно.“ Марија, пак, рече: „Еве ја Господовата слугинка; нека ми биде според твоите збо­рови!“ И ангелот си отиде откај неа. Во тие денови Марија стана и поита во горскиот крај, во Јудиниот град; па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета. Штом Елисавета го слушна поздра­вот на Марија, детето заигра во нејзината утроба; и Елисавета се исполни со Светиот Дух, па извика со силен глас и рече: „Бла­гос­ло­вена си ти меѓу жените и благословен е плодот на твојата утроба! И од каде кај мене ова, да дојде при мене мајката на мојот Господ? Зашто, ете, штом гласот од твојот поздрав дојде до моите уши, детето радосно заигра во мојата утроба. И блажена е таа што поверува дека ќе се исполни она што ѝ е кажано од Господ.“ А Марија рече: „Мојата душа Го ве­лича Господ и мојот дух се зарадува во Бога, мојот Спасител, зашто погледна на смиреноста на Својата слугинка и, ете, отсега ќе ме нарекуваат блажена сите поколенија; зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име; и Неговата милост е од поколение на поколение за оние што се бојат од Него. Тој покажа сила со Својата рака; ги распрсна оние што се гордеат со мислите на своите срца; ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените; гладните ги исполни со добра, а бо­гатите ги отпушти празни; го прифати Израил, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста, како што им зборуваше на нашите тат­ков­ци, на Авраам и на неговото потомство довека.“ И остана Марија со неа околу три месеци, па се врати дома. А на Елисавета ѝ дојде времето да роди, и таа роди син. Кога нејзините соседи и роднини слушнаа дека Господ ја удос­тоил со Својата милост, се ра­дуваа со неа. На осмиот ден дојдоа да го обрезат детето и сакаа да му го дадат името Захарија, по татко му. Но мајка му одговори и рече: „Не, туку ќе се вика Јован!“ И ѝ рекоа: „Никој нема меѓу твоите роднини кој го носи тоа име.“ И го прашаа со знаци татко му, ка­ко би сакал да го наречат. Тој побара штичка и ги напиша збо­ровите: „Јован му е името.“ И сите се зачудија. И веднаш му се отвори устата, и јазикот му се раврза, и тој прозборе, благословувајќи Го Бога. И сите соседи ги обзеде страв; и се разгласи за овој настан по це­лата горска Јудеја. Сите што слушнаа, го зедоа тоа при срце и велеа: „Што ли ќе стане од тоа дете?“ И Господовата рака беше со не­го. А татко му Захарија се исполни со Светиот Дух и пророкуваше, говорејќи: „Нека е благословен Господ, Израилевиот Бог, зашто го посети и го избави Својот на­род; и подигна за нас моќно спасение, во домот на Својот слуга Давид; како што говореше одамна преку устата на Своите свети пророци, дека ќе нѐ спаси од нашите непријатели и од рацете на сите што нѐ мра­зат; за да покаже милост над нашите тат­ков­ци и да си спомне за Својот свет завет, на заклетвата со која му се заколна на нашиот татко Авраам, дека ќе ни даде избавување од рацете на нашите неприја­тели, без страв да Му служиме во светост и правда пред Него, во сите денови од нашиот живот. А ти, дете, ќе се на­ре­чеш пророк на Севишниот, зашто ќе одиш пред Господовото лице за да Му ги подгот­виш Неговите патишта и да му дадеш на Неговиот народ да го познае спасението преку простува­ње на гревовите, а поради големото милосрдие на на­шиот Бог, со кое нѐ посети Исток од виси­ни­те, за да им блесне на оние што седат во темнина и во сенката на смртта, и да ги упати нашите нозе по патот на мирот.“ А детето растеше и крепнеше со духот, и беше во пустина до денот кога се покажа пред Израил. Во тие денови излезе заповед од цезарот Август да се попише сето население. Тоа беше прв попис за време на управувањето на Квириниј со Сирија. И одеа сите да се запишат, секој во својот град. Па така и Јосиф од Галилеја, од гра­дот Назарет, отиде во Јудеја, во Давидовиот гра­д, наречен Вит­леем, бидејќи беше од домот и од родот на Давид, за да се запише со својата свршеница Марија, која беше зачнала. А кога беа таму, се исполнија деновите за таа да роди, и Го роди својот првороден Син, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата. Во тој крај имаше пастири кои пре­стојуваа во полето и чуваа ноќна стража крај своето стадо. И ете, ангел Господов застана меѓу нив и Господовата слава ги осветли; и многу се исплашија. А ангелот им рече: „Не плашете се! Еве, ви благовестам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денес во Давидовиот град ви се роди Спасител, Кој е Христос Гос­под. А ова ви е знакот: ќе најдете по­виено Дете, Кое лежи во јасли.“ И одеднаш со ангелот се јави мно­губројно небесно воинство, кое Го сла­веше Бога, велејќи: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“ Кога ангелите си заминаа од нив на небо, пастирите си рекоа меѓу себе: „Да појдеме во Витлеем и да го видиме тоа што се случило, како што ни со­оп­шти Господ.“ И брзо дојдоа и ги најдоа Марија и Јосиф со Детето Кое лежеше во јасли. А штом Го видоа, соопштија за сѐ што им беше речено за Тоа Дете. И сите што слушаа се восхитуваа на она што им го говореа пастирите. А Марија ги запази сите тие збо­ро­ви, и размислуваше за нив во своето срце. И пастирите се вратија, славејќи Го и фалејќи Го Бога за сѐ она што беа чуле и виделе, како што им беше речено. А кога се навршија осум дена и требаше да Го обрезат Де­тето, Му дадоа име Исус, како што беше наречено од ангелот уште пред да биде зачнато во утробата. И штом се навршија деновите за нив­ното очистување, според Мојсеевиот Закон, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господ, како што е напишано во Господовиот Закон дека секое првородено машко дете треба да Му се посвети на Господ; и да се принесе жртва, како што е речено во Господовиот Закон, две гугутки или две гулапчиња. А тогаш во Ерусалим имаше еден човек по име Симеон; и тој човек, кој беше праведен и благочестив, ја оче­куваше Израилевата утеха; и Светиот Дух беше на него. Нему му беше откриено од Светиот Дух дека нема да види смрт додека не Го види Христос Господов. И поттикнат од Духот, дојде во хра­мот. Па, кога родителите Го донесоа Де­тето Исус за да го извршат со Него она што беше вообичаено, според Законот, тој Го зеде во своите раце, Го бла­гослови Бога и рече: „Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Владико, според Твојот збор, зашто моите очи го видоа спасението Твое што си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просвета на незна­бош­ците и слава на Твојот народ, Израил.“ А Јосиф и мајка Му се чудеа на она што беше речено за Него. Па Симеон ги благослови и ѝ рече на Неговата мајка Марија: „Еве, Овој е поставен за паѓање и за издигнување на мнозина во Израил, и е знак против Ко­го ќе се говори. А и тебе самата меч ќе ти ја пробо­де душата, за да се откријат мислите на многу срца.“ Таму беше и пророчицата Ана, Фануиловата ќер­ка, од Асировото племе. Таа беше во поодминати години, а со мажот проживеала само седум години по своето моминство. Таа беше вдовица на околу осумдесет и четири години и не се од­да­ле­чу­ва­ше од храмот, служејќи со пост и молитва дење и ноќе. Во тој час и таа пристапи и почна да Го слави Господ и им говореше за Него на сите што очекуваа избавување во Ерусалим. И кога извршија сѐ според Господовиот Закон, се вратија во Галилеја, во својот град Назарет. А Детето растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со мудрост; и Божјата благодат беше врз Него. И секоја година Неговите родители одеа во Ерусалим за празникот Пасха. А кога Тој беше на дванаесет години, тие отидоа во Ерусалим, според оби­чајот на празникот. Но кога завршија празничните денови, додека се враќаа дома, Детето Исус остана во Ерусалим; а Јосиф и мајка Му не го забележаа тоа. Мислејќи дека Тој е меѓу сопатни­ците, изминаа еден ден пат и почнаа да Го бараат меѓу роднините и познатите. Па, бидејќи не Го најдоа, се вратија во Ерусалим за да Го бараат. По три дена Го најдоа во храмот како седи меѓу учителите, ги слуша и ги прашува. А сите што Го слушаа, беа восхитени од Неговата остроумност и од одговорите. Кога Го видоа, се зачудија; и мајка Му Му рече: „Синко, зошто ни направи така? Ете, татко Ти и јас со голема болка Те баравме.“ А Тој им рече: „Зошто сте Ме барале? Зар не знаевте дека Јас треба да бидам во она што е на Мојот Отец?“ Но тие не ги разбраа зборовите што им ги кажа. И Тој слезе со нив, па дојде во На­зарет и им беше послушен. А мајка Му ги запази сите тие зборови во своето срце. Исус, пак, напредуваше во мудроста, и во возраста и во милоста кај Бога и кај луѓето. Во петнаесеттата година од вла­деењето на цезарот Тибериј, кога Пон­тиј Пилат беше управител на Ју­де­ја, а Ирод четворовласник на Галилеја, и Филип, брат му, четворовласник на Итуриската и на Трахонитската област, и Ли­саниј четворовласник на Авилинија, во времето на првосвештениците Ана и Кајафа, дојде Божјиот збор до Јо­ван, синот на Захарија, во пустината. И тој го обиколи целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крш­те­ва­ње за простување на гревовите, како што е напишано во кни­га­та со зборовите на пророкот Иса­ија, кој вели: „Гласот на оној што вика во пустината: ’Подгответе го Гос­подо­виот пат и исправете ги Неговите патеки; секоја долина нека се исполни и се­која гора и секоја планина нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамни­те патишта нека се израмнат, и секој човек ќе го види Божјото спасение!‘“ А на луѓето што доаѓаа кај него да се крстат, им велеше: „Змиини рожби, кој ви кажа да бегате од гневот што иде? Но принесете плодови достојни на по­кајанието и не почнувајте да говорите во себе: ’Наш татко е Авраам!‘ Зашто ви велам дека Бог може и од овие камења да му подигне чеда на Авраам. А и секирата веќе лежи до ко­ре­нот на дрвјата; и секое дрво, што не да­ва добар род, се сече и се фрла во оган.“ И народот го праша, велејќи: „То­гаш што да правиме?“ А тој им одговори и рече: „Кој има две облеки, нека ја даде едната на оној што нема ниту една; а кој има храна, нека го направи истото.“ Дојдоа и даночници да се крстат и му рекоа: „Учителе, што да прави­ме?“ А тој им рече: „Не барајте повеќе од она што ви е одредено.“ Го прашаа и некои војници, гово­реј­ќи: „А ние, што да правиме?“ И им рече: „Никого не угнетувајте, ниту клеветете и бидете задоволни со вашите плати.“ А бидејќи народот беше во исчеку­ва­ње, па сите помислуваа во своите срца за Јован, дека можеби тој е Христос, Јован им одговараше на сите, ве­леј­ќи: „Јас ве крштевам со вода; но иде По­силниот од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ремењата на Неговите обув­ки: Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган. Лопатата е во Неговата рака и Тој ќе го очисти Своето гумно, и ќе го собере житото во Својот амбар, а плевата ќе ја изгори во неизгаслив оган.“ И поттикнувајќи го со уште многу други нешта, тој му благовестеше на народот. А Ирод четворовласникот, укорен од него поради Иродијада, жената на брат му, и за сите злодела што Ирод ги беше направил, кон сето ова го додаде и тоа што го фрли Јован во затвор. А кога се крсти сиот народ, се крс­ти и Исус; и додека се молеше, се от­во­ри небото, и Светиот Дух слезе врз Него во те­лесен облик, како гулаб, и се слушна глас од небото, кој говореше: „Ти си Мо­јот воз­љубен Син; во Тебе е Мојата вол­ја.“ Кога почна да проповеда, Исус има­ше околу триесет години и, како што мислеа, беше син Јосифов, Илиев, Мататов, Левиев, Мелхиев, Јанаев, Јосифов, Мататиев, Амосов, Наумов, Ес­ли­мов, Нагеев, Маатов, Мататиев, Семеиев, Јо­си­фов, Јодин, Јоананов, Рисаев, Зоровавелов, Салатиилов, Нириев, Мелхиев, Адиев, Косамов, Ел­мо­да­мов, Иров, Јосиев, Елиезеров, Јоримов, Ма­та­тов, Левиев, Симеонов, Јудин, Јосифов, Јоана­нов, Елијакимов, Мелеаев, Маинанов, Мататаев, На­танов, Давидов, Јесеев, Овидов, Воозов, Салмонов, Наасонов, Аминадавов, Арамов, Есромов, Фа­ресов, Јудин, Јаковов, Исаков, Авраамов, Тарин, Нахоров, Серухов, Рагавов, Фалеков, Еверов, Салин, Каинанов, Арфаксадов, Симов, Но­ев, Ламехов, Матусалов, Енохов, Јаредов, Ма­ле­леилов, Каинанов, Еносов, Ситов, Адамов, Божји. Исполнет со Светиот Дух, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустината. Четириесет дена беше искушуван од ѓаволот. Во тие денови не ја­деше ништо, а кога изминаа тие, најпос­ле огладне. Тогаш ѓаволот Му рече: „Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.“ А Исус му одговори и рече: „Напи­шано е: ’Човек нема да живее само од леб, туку и од секој Божји збор.‘“ Потоа ѓаволот Го одведе на една ви­сока гора и му ги покажа за миг сите царства во светот. И Му рече ѓаволот: „Ќе Ти ја дадам сета оваа власт и нивната слава, зашто мене ми е предадена и ја давам кому што сакам. Ако се поклониш пред Мене сето тоа ќе би­де Твое.“ Но Исус му одговори и рече: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ’На Господ, твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘“ И Го одведе во Ерусалим, и Го пос­тави на стреата од храмот, па Му рече: „Ако си Син Божји, фрли се одовде до­лу! Зашто е напишано: ’На Своите ангели ќе им заповеда за Тебе да Те за­чу­ваат; и на раце ќе Те кренат, да не си ја сопнеш ногата од камен.‘“ А Исус му одговори и рече: „Кажа­но е: ’Не искушувај Го Господ, твојот Бог!‘“ Па откако ѓаволот заврши со сите искушенија, се оддалечи од Него за некое време. А Исус во си­лата на Духот се врати во Галилеја; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај. А Тој поучуваше во нивните синагоги, и сите Го прославуваа. И дојде во Назарет, каде што беше пораснал, и по Својот обичај влезе еден саботен ден во синагогата и стана да чита. Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; па ја отвори и го најде местото каде што беше напишано: „Духот Господов е врз Мене; зашто Ме помаза да им благовестам на сиромашните; Ме прати да ги исцелам оние со скрушено срце, да им проповедам осло­бо­дување на заробените и прогледување на слепите, да ги пуштам на слобода напате­ни­те; да ја проповедам благопријатната Господова година!“ Потоа ја затвори книгата, му ја даде на прислужникот и седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него. И почна да им говори: „Денес се исполни ова писмо што го чувте.“ И сите Му посведочија и се восхитуваа на благодатните зборови што излегуваа од Неговата уста и ве­леа: „Зар не е Овој синот на Јосиф?“ А Тој им рече: „Сигурно ќе Ми ја кажете оваа изрека: ’Лекаре, излекувај се Сам! Направи го и овде, во Твојот роден крај, она што чувме дека се случило во Капернаум.‘“ Па им рече: „Вистина ви велам: ни­еден пророк не е прифатен во својот роден крај. Навистина ви велам: имаше многу вдовици во Израил во времето на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја; и кај ниедна од нив не беше пратен Илија, а само кај една жена вдовица во Сарепта Сидонска; и имаше мнозина лепрозни во Из­раил во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не се очисти, освен Сири­ецот Нееман.“ А кога го слушнаа тоа, сите во си­на­гогата се исполнија со гнев; па станаа, Го истераа надвор од гра­дот и Го одведоа на сртот од една гора, врз којашто беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора. Но Тој помина меѓу нив и си отиде. И слезе во галилејскиот град Капернаум и ги поучуваше во саботи­те. И се чудеа на Неговата наука, заш­то Неговото слово имаше власт. Во синагогата имаше еден чо­век, обземен од дух на нечист демон, и тој извика со силен глас: „Еј, што имаш со нас Ти, Исусе На­за­реецу? Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам Кој си. Ти си Божјиот Светец.“ А Исус го прекори, говорејќи: „Замолкни и излези од него!“ Па откако го фрли насреде, демонот излезе од него, воопшто не наштетувајќи му. Сите ги обзеде восхит, па си зборуваа меѓу себе: „Какво ли е ова слово што со власт и сила им заповеда на не­чис­ти­те духови и тие излегуваат!?“ Па се разнесе глас за Него по сите околни места. Штом излезе од синагогата, влезе во куќата на Симон; а тештата на Си­мон имаше силна треска, и Го помолија за неа. И застанувајќи над неа, Тој ја пре­кори треската, и таа ја остави; и жената веднаш стана и им служеше. И на зајдисонце, сите кои имаа болни од разни болести ги доведуваа кај Него; а Тој, положувајќи раце над секого од нив, ги лечеше. Од мнозина излегуваа и демони со ви­кање, и велеа: „Ти си Христос, Синот Божји.“ А Тој ги прекоруваше и не им доз­волуваше да кажуваат оти знаат дека Тој е Христос. Кога се раздени, Тој излезе и отиде на пусто место, а луѓето Го бараа па, кога дојдоа кај Него, Го задржуваа да не си оди откај нив. А Тој им рече: „И на другите гра­дови треба да им благовестам за царството Божјо, зашто за тоа сум пратен.“ И проповедаше по га­ли­лејските синагоги. Кога народот се притис­каше кон Него за да го чуе словото Божјо, а Тој стоеше покрај Гени­са­рет­ското езеро, виде два кораба што стоеја на крајот од езерото; а рибарите беа излегле од нив и ги плавеа мрежите. Тој влезе во еден од корабите, кој бе­ше на Симон, па го замоли да отплови малку од брегот, та седна и почна да го поучува народот од коработ. А штом престана да говори, му рече на Симон: „Заплови кон длабочините и фрлете ги своите мрежи за лов!“ А Симон Му одговори и рече: „Учителе, цела ноќ се трудевме и ниш­то не уловивме; но штом Ти велиш, ќе ја фрлам мрежата.“ И штом го направија тоа, уловија толку многу риби што ду­ри и мрежата им се кинеше. И им дадоа знак на другарите што беа во другиот кораб да дојдат и да им по­могнат; и тие дојдоа и ги наполнија двата кораба, толку многу што почнаа да тонат. А кога го виде тоа, Симон Петар падна пред Исусовите нозе и Му рече: „Оди си од мене, Господи, зашто сум грешен човек!“ Зашто него и сите што беа со него ги беше обзел страв од ловот на рибите, што ги фатија, а исто така и Јаков и Јован, Зеведеевите синови, кои му беа другари на Си­мон. И Исус му рече на Симон: „Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе!“ Кога ги извлекоа двата кораба на брегот, оставија сѐ и тргнаа по Него. А кога Исус беше во еден град, ете еден човек, сиот лепрозен, штом Го виде Исус, падна ничкум и молејќи Му се, рече: „Господи, ако сакаш мо­жеш да ме очистиш.“ Тој, подавајќи ја раката, го допре и рече: „Сакам, очисти се!“ И веднаш лепрата отиде од него. И Тој му заповеда никому да не кажува, туку: „за сведоштво пред нив, оди и покажи му се на свештеникот, и принеси дар за очис­ту­ва­њето твое, како што одредил Мојсеј!“ Но уште повеќе се разнесуваше глас за Него и многу народ доаѓаше да Го слуша и преку Него да се излекува од своите болести. А Тој се повлекуваше во пустините и се молеше. Еден ден, додека Тој поучуваше, таму се­деа фарисеи и учители на Законот, кои беа дошле од сите села на Галилеја и на Ју­деја, и од Ерусалим; а Тој имаше Господова сила да лекува. И, ете, некои мажи донесоа на постела еден човек, што беше неподвижен, и се обидуваа да го внесат и да го положат пред Него; па, бидејќи не најдоа од каде да го внесат поради мноштвото народ, се качија на кровот и преку покривот го спуштија сосе постела, насреде, пред Исус. А Тој, штом ја виде нивната вера, му рече: „Човеку, ти се простуваат гре­во­вите!“ Тогаш книжниците и фарисеите почнаа да размислуваат, велејќи си: „Кој е Овој што богохули? Кој може да простува гревови, освен Единиот Бог?“ А Исус, знаејќи ги нивните мисли, им одговори и рече: „Што раз­мислувате во своите срца? Што е полесно да се каже: ’Ти се простуваат гревовите‘, или да се каже: ’Стани и оди?‘ Но за да знаете дека Синот Чо­веч­ки има власт на земјата да простува гревови“; на неподвижниот му рече: „Тебе ти велам: стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ И тој веднаш стана пред нив и си го зеде она, на кое лежеше, па си отиде до­ма, славејќи Го Бога. И сите ги обзеде восхит и Го славеа Бо­га; па, исполнети со страв, говореа: „Денес видовме чудесни работи!“ А потоа Исус излезе и виде еден даночник, по име Левиј, кој се­де­ше во местото за прибирање данок, и му рече: „Врви по Мене!“ Тој остави сѐ, стана и тргна по Него. И во својот дом Левиј Му приготви голема гозба; а таму имаше многу даночници и други што седеа со нив на трпезата. А фарисеите и нивните книжници не­годуваа кон Неговите ученици, велејќи: „Зошто јадете и пиете со даночници и грешници?“ Одговарајќи, Исус им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните; не сум дошол да ги повикам пра­вед­ните на покајание, туку грешните.“ А тие Му рекоа: „Зошто учениците на Јован, како и оние на фарисеите, често постат и се молат, а Твоите јадат и пијат?“ Тој им рече: „Зар можете да ги на­те­рате сватовите да постат додека младоженецот е со нив? Но ќе дојдат денови кога младоженецот ќе им биде одземен и тогаш, во тие денови, ќе постат.“ Им ја кажа и оваа парабола: „Никој не отсекува парче од нова облека за да го пришие на стара облека; зашто и новата ќе се отпара, а и на старата не ѝ прилега парче од новата. И никој не налива ново вино во ста­ри мевови; инаку новото вино ќе ги рас­це­пи мевовите, и тоа ќе истече, а и ме­во­вите ќе се упропастат; туку, ново вино треба да се става во нови мевови; па така ќе се зачуваат и двете. И никој што пиел старо вино, нема веднаш да посака ново; зашто вели: ’Ста­рото е подобро.‘“ Во втората сабота по Пасха се случи да мине низ нивите, а Неговите ученици кинеа класја и, триејќи ги со рацете, јадеа. А некои од фарисеите им рекоа: „Зошто го правите тоа што не е до­пуш­тено да се прави во сабота?“ Исус им одговори и рече: „Зар не сте читале што направи Давид кога ог­ладне, тој и оние што беа со него? Како влезе во домот Божји, ги зеде лебовите на предложението и јадеше, па им даде на оние што беа со него, а од нив не е допуштено да јаде никој освен свеш­тениците?“ И им рече: „Синот Човечки е господар и на саботата.“ Се случи и во друга сабота да влезе во синагогата и да поучува; а таму има­ше еден човек, кому десната рака му беше исушена. Книжниците и фарисеите внимаваа на Него дали ќе го излекува во сабота, за да можат да Го обвинат. Но Тој ги знаеше нивните помисли и му рече на човекот со исушената рака: „Стани и застани насреде!“ И тој стана и застана. Тогаш Исус им рече: „Ќе ве за­пра­шам: што е дозволено да се прави во сабота – добро или зло? Да се спаси еден живот или да се уништи?“ Па, откако ги изгледа сите, му рече на човекот: „Протегни ја својата рака!“ Тој направи така; и раката му стана здрава како другата. А тие се избезумија и се советуваа меѓу себе што да Му направат на Исус. Тие денови Исус се искачи на една гора за да се помоли и целата ноќ ја помина во молитва кон Бога. А кога се раздени, ги повика Своите уче­ници и од нив избра дванаесет, кои ги нарече апостоли: Симон, кого го нарече Пе­тар, и брат му Андреј; Јаков и Јован; Филип и Вартоломеј; Матеј и Тома; Јаков Алфеев и Си­мон, наречен Зилот; Јуда Јаковов и Јуда Искариотски, кој стана предавник. Па откако слезе заедно со нив, Тој се задржа на едно рамно место; беа та­му и мнозина Негови ученици и големо мноштво луѓе од цела Јудеја, и од Ерусалим и од крајбрежјето на Тир и на Сидон. Тие беа дојдени да Го слушаат и да се исцелат од своите болести, а беа из­лечени и оние што страдаа од нечисти духови. И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и сите ги лекуваше. А Тој ги подигна очите кон Своите ученици и им говореше: „Бла­же­ни сте вие бедните, зашто ваше е царството Божјо! Блажени сте вие, кои сега гладува­те, зашто ќе се наситите! Блажени сте вие, кои сега плачете, зашто ќе се сме­ете! Блажени ќе бидете кога ќе ве намразат луѓето, и ќе ве отфрлат и ќе ве навредуваат и ќе го разгласат ва­шето име како лошо, поради Синот Чо­вечки! Зарадувајте се во оној ден и заиграј­те, зашто голема е вашата награда на небото. Зашто и нив­ните тат­ковци така постапуваа со пророците! Но тешко вам богати, зашто веќе сте ја примиле својата утеха! Тешко вам презаситени, зашто ќе огладнете! Тешко вам кои сега се смеете, зашто ќе заридате и ќе заплачете! Тешко вам кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас, зашто и нив­ните татковци така им правеа на лаж­ните пророци! Но вам, кои слушате, ви велам: љубете ги своите непријатели; правете им добро на оние што ве мразат; благословувајте ги оние што ве колнат, молете се за оние што ве навредуваат! На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној што ќе ти ја земе наметката, подај му ја и туниката. На секој што бара од тебе, дај му, и од оној што ти зема нешто, не барај да ти врати! Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив! И ако ги љубите оние што вас ве љу­бат, каква ви е наградата? Заш­то и грешниците ги љубат оние кои нив ги љубат. И ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Зашто и грешниците го прават истото. И ако им дадете заем на оние од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници за да им се врати истото. Туку вие љубете ги вашите непријатели, и правете добро и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така вашата награда ќе биде голема и ќе бидете си­нови на Севишниот; зашто Тој е добар кон неблагодарните и кон злобните. И така, бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец.“ „Не судете и нема да бидете судени, и не осудувајте, за да не бидете осудени; простувајте и ќе ви биде простено; давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполна ќе ви да­дат во пазувите; зашто со каква мерка ме­рите, со таква и ќе ви се мери.“ И им кажа парабола: „Може ли слеп да води слеп? Зар нема и обајцата да паднат во јама? Ученикот не е поголем од својот учител; но секој што ќе се усоврши, ќе биде како и неговиот учител. И зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш? Или, како можеш да му кажеш на својот брат: дозволи, брате, да ти ја из­вадам раската од окото, кога сам не ја гледаш гредата во своето око? Ли­цемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе гледаш, за да ја извадиш раската од окото на својот брат.“ „Зашто, нема добро дрво што дава лош плод, ниту лошо дрво што дава до­бар плод. Секое, пак, дрво се познава според својот плод; бидејќи не се берат смокви од трње, ниту се бере грозје од капина. Добриот човек од добрата ризница на своето срце изнесува добро, а злобниот човек од злобната ризница на своето срце изнесува зло, зашто него­ва­та ус­та го зборува она со што му е ис­полнето срцето.“ „И зошто Ме повикувате: ’Господи, Господи!‘ а не го извршувате она што ви го кажувам? Ќе ви покажам на кого прилега секој што доаѓа кај Мене, ги слуша Моите зборови, и ги исполнува. Тој прилега на човек кој, градејќи куќа, копал длабоко и поставил темели на камен; а кога настана поплава, реката навали на таа куќа и не можеше да ја помести, зашто беше основана на ка­мен. А оној што слуша и не исполнува, прилега на човек што изградил куќа на земја, без темели; и кога надојде реката веднаш падна, и разурнувањето на таа куќа беше страшно.“ Откако ги заврши сите Свои збо­рови кон народот кој слуша­ше, Исус влезе во Капернаум. А слугата на еден стотник, кого стотникот многу го уважуваше, беше тешко бо­лен, на умирање. Па штом слушна за Исус, стотникот ги прати кај Него јудејските старешини, молејќи Го да дојде и да го спаси неговиот слуга. А тие, кога дојдоа кај Исус, усрдно Го молеа и велеа: „Достоен е да му го направиш тоа, зашто тој го љуби нашиот народ и ни ја изгради синагогата.“ Исус тргна со нив. А кога беа веќе недалеку од куќата, стотникот прати пријатели кај Него, за да Му кажат: „Гос­поди, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив; затоа и себеси не се сметав достоен да дојдам кај Тебе; туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави; зашто и јас сум човек поставен под власт, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ’Отиди!‘ и тој оди; на другиот: ’Дојди!‘ и тој доаѓа; и на мојот слуга: ’Направи тоа‘ – и тој прави.“ Штом го слушна тоа, Исус се восхити и кога се заврте кон народот, што вр­ве­ше по Него, рече: „Ви велам, ниту во Из­раил не најдов толкава вера!“ А кога испратените се вратија во куќата, го најдоа болниот слуга оздравен. Потоа отиде во еден град наречен На­ин; и со Него одеа Неговите ученици и мноштво народ. А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на својата мајка, која беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа. Кога Господ ја виде, се сожали на неа, па ѝ рече: „Не плачи!“ И, пристапувајќи, се допре до но­силото; а носачите застанаа. Па рече: „Момче, тебе ти велам: стани!“ Мртовецот се подигна и седна, па почна да зборува; и Тој го предаде на мајка му. Тогаш сите ги обзеде страв и Го славеа Бога и велеа: „Велик пророк се јави ме­ѓу нас“ и „Бог го посети Својот народ.“ И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина. А учениците на Јован му соопштија за сето тоа. Јован, пак, повика двајца од своите ученици и ги испрати кај Исус, за да прашаат: „Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?“ И кога дојдоа кај Него, луѓето Му ре­коа: „Јован Крстителот нѐ прати кај Те­бе, да прашаме: ’Ти ли си Оној што треба да дојде или друг да чекаме?‘“ Во тој час Тој излечи мнозина од болести, и од рани, и од зли духови и на мнозина слепи им подари вид. Па одговарајќи, Исус им рече: „Одете и кажете му на Јован што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, куци проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскрес­нува­ат и на сиромашните им се проповеда благовестието; и блажен е оној кој не ќе се соб­лаз­ни поради Мене.“ А кога си отидоа учениците на Јо­ва­н, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лула од ветар? Но што сте излегле да видите? Чо­век ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што се во величествени облеки и живеат раскошно, по царски палати се. Па, што сте излегле да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк. Овој е тој за кого е напишано: ’Ете, Јас го праќам Мојот ангел пред Твоето лице, кој ќе го при­готви Твојот пат пред Тебе.‘ Ви велам: меѓу родените од жена нема ниеден поголем пророк од Јован Крстител; но најмалиот во Божјото цар­ство е поголем од него.“ И целиот народ што слушаше, и даночниците, ја признаа Божјата правда, крш­те­вајќи се со Јовановото крштевање; а фарисеите и закониците ја от­фр­лија волјата Божја за нив и не се крстија од него. „Со кого да ги спо­редам луѓето од ова поколение? И кому се слични? Тие личат на деца што седат во па­зарот и си довикуваат меѓу себе, ве­леј­ќи: ’Ви свиревме – не игравте; ви тажевме – не плачевте!‘ Зашто, дојде Јован Крстителот, кој ниту леб јаде ниту вино пие, а вие ве­ли­те: ’Демон има во него.‘ Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: ’Еве човек јадач и ви­нопиец, пријател на даночници и грешници!‘ Но мудроста се оправда преку сите свои чеда.“ Еден од фарисеите Го покани да ја­де со него; и Тој, кога влезе во куќата на фарисејот, седна на трпеза. И ете, една жена од градот, која бе­ше грешница, штом дозна дека Тој седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе сад од алабастер со миро; па откако застана одзади при Неговите нозе, плачејќи почна да ги мие Неговите нозе со солзи и ги триеше со својата коса; и ги целиваше Неговите нозе и ги помазуваше со миро. А кога го виде тоа фарисејот, што Го беше поканил, си рече во себе: „Кога Овој би бил пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што Го допира, зашто таа е грешница.“ Одговарајќи му, Исус рече: „Симоне, имам нешто да ти кажам.“ А тој рече: „Кажи, Учителе!“ Исус му рече: „Некој заемодавец имаше двајца должници: едниот му дол­жеше петстотини денарии, а другиот педесет. Но бидејќи немаа да му вратат, тој им го прости долгот на обајцата. Кажи, кој од нив повеќе ќе го љуби?“ Симон одговори и Му рече: „Мис­лам оној кому повеќе му простил.“ А Тој му рече: „Право пресуди.“ И штом се сврте кон жената, му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа же­на? Влегов во твојот дом, ти ниту вода за нозете не Ми даде, а таа со солзи Ми ги обли нозете и со својата коса ги истри. Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ги целива Моите нозе. Ти со масло не ја помаза Мојата глава, а таа со миро ги помаза Моите нозе. Затоа ти велам: нејзе ѝ се простуваат многу гревови, зашто многу љубеше. А кому му е простено малку, тој малку љуби.“ Нејзе, пак, ѝ рече: „Ти се простуваат гревовите!“ А оние што седеа со Него на тр­пе­зата, почнаа да говорат во себе: „Кој е Овој што и гревови простува?“ На жената пак ѝ рече: „Твојата вера те спаси; оди си во мир!“ Потоа Тој минуваше по градовите и селата, проповедајќи и благовестејќи го царството Божјо; а со Него беа дванаесеттемина, и некои жени што беа излекувани од зли духови и болести: Марија, наречена Магдалина, од која беа излегле седум демони; и Јоана, жената на Хуза, настој­ни­кот на Ирод, и Сузана и многу други, кои им служеа со своите имоти. А бидејќи се насобра многу народ, и жителите од секој град доаѓаа кај Него, Тој им рече во парабола: „Излезе сејач да сее семе. Додека се­еше, едно падна покрај пат и беше из­га­зено, и небесните птици го исколваа; а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, зашто немаше влага; едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши; а друго падна на добра земја и кога изникна, донесе стократен плод.“ От­ка­ко го рече ова, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“ А Неговите ученици Го прашаа, ве­лејќи: „Што значи оваа парабола?“ Тој рече: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на останатите ќе им се зборува со параболи, та гледајќи, да не видат и слу­шајќи, да не разберат! А оваа парабола значи: семето е словото Божјо. Она што падна покрај патот, тоа се оние кои слушаат, но потоа доаѓа ѓа­во­лот и им го зема словото од нивните срца, за да не поверуваат и да не се спа­сат; а она на камен – тоа се оние кои, кога ќе го чујат словото, со радост го примаат; но немаат корен и веруваат некое вре­ме, а во време на искушенијата, тие отпаѓаат; тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние што слушаат, но от­ка­ко ќе заминат, се гушат од грижите, бо­гатствата и насладите од овој живот и не до­несуваат зрел плод; а тоа што падна на добра земја, се тие што го слушаат словото и го чуваат во добро и чисто срце, и донесуваат плод во трпение. Кој има уши да слуша, не­ка чуе!“ „Никој не го поклопува со сад све­тилото што го запалил, ниту го става под лег­ло, туку го става на светилник, за да ја видат светлината оние што влегуваат. Зашто нема тајно што не ќе стане јавно, ниту, пак, сокриено што не ќе се разбере и не ќе излезе на виделина. Па затоа: пазете како слушате; зашто, кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има.“ Дојдоа кај Него мајка Му и Неговите браќа и не можеа да Му пристапат поради народот. И Го известија, велејќи: „Мајка Ти и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да Те видат.“ А Тој им одговори и рече: „Моја мајка и Мои браќа се оние што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.“ Еден ден Тој влезе во кораб со Своите уче­ници и им рече: „Да минеме на другата страна од езерото!“ И појдоа. Додека пловеа, Тој заспа. А над езе­рото се спушти ветровита бура, водата навлегуваше и тие беа во опасност. И Му пристапија и Го разбудија, гово­реј­ќи: „Учителе, Учителе, загинуваме!“ А Тој, штом се разбуди, им заповеда на вет­рот и на водните бранови; и тие се смирија и наста­на тишина. И им рече: „Каде ви е верата?“ А тие уплашени, се чудеа, велејќи си еден на друг: „Кој е Овој што и на вет­ровите и на водата им заповеда и тие Му се покоруваат?“ И пристигна во гадаринскиот крај, што е спроти Галилеја. А кога излезе на брегот, Го сретна еден човек од градот кој беше обземен од демони, и долго време не обле­ку­ва­ше алишта и не живееше дома, туку во гробовите. Кога Го виде Исус, викајќи падна пред Него и гласно рече: „Што имаш со мене Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те молам, не мачи ме!“ А Исус му беше заповедал на не­чистиот дух да излезе од човекот, зашто долго време го мачеше. Го чуваа во вериги и со синџири го врзуваа, но тој ги раскинуваше оковите и демонот го тераше да оди по пусти места. А Исус го праша, велејќи: „Како ти е името?“ Тој одговори: „Легион“, зашто многу демони беа влегле во него. И Го молеа да не им наредува да одат во бездната. А таму имаше големо стадо сви­њи, кое пасеше по ридот; па Го молеа да им допушти да вле­зат во нив. И Тој им допушти. И откако излегоа демоните од човекот, влегоа во свињите; и стадото јурна низ стрмнината во езерото и се удави. Свињарите, кога видоа што се слу­чи, избегаа и раскажаа по градот и селата. И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исус, го најдоа човекот, од кого беа излегле демоните, како седи пред Исусовите нозе, облечен и со здрав разум; и се исплашија. А оние што беа виделе, им рас­ка­жаа како беше излечен опседнатиот од демони. Сиот народ од гадаринскиот крај Го замоли да си оди од нив; зашто ги беше опфатил голем страв. И Тој влезе во ко­ра­бот и се врати. Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го молеше да биде со Не­го; но Исус го отпушти, велејќи: „Врати се во својот дом и рас­ка­жу­вај што ти направи Бог!“ Тој си отиде и разгласуваше по целиот град што направи Исус за него. А кога Исус се врати, народот Го пресретна, зашто сите Го очекуваа. И ете, дојде еден човек, по име Ја­ир, кој беше управител на синагогата. Тој падна пред Исусовите нозе и Го мо­леше да влезе во неговиот дом, зашто имаше ќер­ка единица на околу дванаесет години и таа умираше. А кога Исус одеше, народот се туркаше во Него. И една жена, која два­наесет години боледуваше од крвотечение и сиот свој имот го беше потрошила по ле­кари, а ниеден не можел да ја излекува, пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвотечението. А Исус рече: „Кој се допре до Ме­не?“ Но бидејќи сите порекнуваа, Петар и оние што беа со Него Му рекоа: „Учи­теле, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: ’Кој се допре до Мене?‘“ Но Исус рече: „Некој се допре до Мене, зашто почувствував дека од Мене излезе сила.“ Жената, штом виде дека не може да се сокрие, со треперење пристапи, па како падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела и дека веднаш оздравела. А Тој ѝ рече: „Биди храбра ќерко, твојата ве­ра­ те спаси; оди си во мир!“ Додека Тој уште зборуваше, дојде некој откај старешината на синагогата и Му рече: „Ќерка ти умре; не мачи Го Учителот!“ Но Исус, штом го слушна тоа, му одговори и рече: „Не плаши се! Само верувај и ќе биде спасена!“ А кога пристигна во куќата, никому не му дозволи да влезе, освен на Петар, Јован и Јаков и на таткото и мајката на девојката. Сите плачеа и ридаа по неа. Но Тој им рече: „Не плачете, таа не е умрена, туку спие.“ И Му се потсмеваа, знаејќи дека е умрена. А Тој, откако сите ги истера надвор, ја фа­ти за рака и извика, велејќи: „Девојко, стани!“ И се поврати нејзиниот дух и таа веднаш стана, а Тој заповеда да ѝ дадат да јаде. И нејзините родители се запрепастија. А Тој им заповеда никому да не ка­жу­ваат за настанот. Откако ги повика двана­есет­теми­на, им даде сила и власт над сите демони и да лекуваат болести. Па ги прати да го проповедаат царството Божјо и да ги лекуваат болните. И им рече: „Не земајте ништо за по пат: ниту стап, ниту торба, ниту леб, ниту среб­ро ниту по две облеки да имате! И во куќата во која ќе влезете, таму останете и оттаму тргнувајте на пат. А, ако некои не ве примат, излегувајќи од тој град, истресете го и правот од своите нозе, за сведоштво против нив.“ Кога излегоа, тие одеа по селата благовестејќи и лекувајќи насекаде. Штом четворовласни­кот Ирод слушна што прави Тој, беше збунет, зашто некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите; други, пак, дека се појавил Илија, а некои – дека воскреснал еден од древните пророци. А Ирод рече: „На Јован јас му ја отсеков главата; но Кој е Овој, за Кого што слушам такви нешта?“ И сакаше да Го види. А кога апостолите се вратија, Му раскажаа што направиле. Тогаш ги зе­де и отиде насамо во пусто место до гра­дот наречен Витсаида. Но народот штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување. При крајот на денот, пријдоа до Него дванаесеттемина и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди да ноќева и да си најде храна по околните села и колиби; зашто овде сме во пусто место.“ Но Тој им рече: „Дајте им вие да ја­дат!“ Тие одговорија: „Ние немаме по­веќе од пет леба и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе.“ Зашто имаше околу пет илјади мажи. Но Тој им рече на Своите ученици: „Седнете ги во групи по педесет.“ И направија така и ги седнаа си­те. А Тој, кога ги зеде петте леба и две­те риби, погледна кон небото, ги бла­гос­лови, ги раскрши и им ги даде на уче­ни­ците за да ги стават пред народот. И јадеа и се наситија сите; и кренаа дванаесет кошеви со останати парчиња. Еднаш, кога Исус се молеше насамо, а Неговите ученици беа со Него, Тој ги праша: „Што вели народот, Кој сум Јас?“ Тие одговорија и рекоа: „Едни дека си Јован Крстител, други Илија, а не­кои, пак, дека воскреснал еден од древните пророци.“ Тој им рече: „А вие, што велите, Кој сум Јас?“ Петар одговори и рече: „Христос Божји.“ А Тој строго им заповеда никому да не кажуваат за тоа, велејќи дека Синот Човечки треба многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, да биде убиен и на третиот ден да воскресне. А на сите им зборуваше: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека врви по Мене! Зашто, кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој ќе го загуби својот живот заради Мене, тој ќе го спаси. Зашто, каква му е ползата на чо­ве­кот, ако го добие целиот свет, а себе са­миот се упропасти или си наштети? Бидејќи, кој се срами од Мене и од Моите зборови, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ан­ге­ли. Вистина ви велам: овде стојат некои што не ќе вкусат смрт сѐ додека не го видат царството Божјо.“ А околу осум дена по овие зборови, ги зе­де Петар, Јован и Јаков и се ис­качи на гората за да се помоли. И додека се молеше, изгледот на Неговото лице се промени, а облеката Му стана бела и блескава. И ете, двајца мажи разговараа со Не­го; а тие беа Мојсеј и Илија. Па, кога се појавија во слава, тие збо­руваа за Неговата смрт, која требаше да се случи во Ерусалим. А Петар и оние кои беа со него ги бе­ше совладал сон; но штом се разбудија, ја видоа Неговата слава и двајцата мажи што стоеја со Него. И кога се разделуваа од Него, Петар, без да знае што зборува, Му рече на Исус: „Учителе, добро е да останеме овде; да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија!“ Додека го велеше тоа, се појави об­лак и ги засени; и се исплашија штом влегоа во облакот. И дојде глас од облакот, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син; Него пос­лушајте Го!“ А откако се чу тој глас, Исус ос­тана сам. И тие премолчаа и во тие денови никому ништо не кажаа за она што го беа виделе. А следниот ден, додека се симнуваа од гората, Го пресретна многу народ. И ете, некој од народот извика: „Учителе, Ти се молам, погледни на мо­јот син, зашто ми е единец! Духот одненадеж го зграпчува и, ете, тој почнува да вреска. Толку силно го стресува, што тој се запенува и, откако многу ќе го измачи, одвај го пушта. Ги помолив Твоите ученици да го истераат, но не можеа.“ Исус одговори и рече: „О, неверно и развратно поколение! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го си­н ти тука!“ И додека тој уште приоѓаше, демонот го кутна и почна да го свива во грч. Но Исус му нареди на нечистиот дух, и го излекува момчето и го предаде на татко му. И сите беа восхитени од Божјото величие. И додека сите се чудеа на сѐ што правеше Исус, Тој им рече на Своите ученици: „Ставете ги во вашите уши овие зборови: ’Синот Човечки ќе биде пре­да­ден во рацете на луѓето.‘“ Но тие не ги разбраа овие зборови, за­што беа прикриени од нив, за да не ги сфатат, а се плашеа да Го прашаат за нивното значење. И меѓу нив започна расправа за тоа кој од нив е најго­лем. А Исус, знаејќи ја мислата на нив­ните срца, зеде едно дете и го постави покрај Себе, па им рече: „Кој го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, го прима Оној што Ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој е голем.“ Јован одговарајќи, рече: „Учителе, видовме еден човек кој во Твое име ис­терува демони, па му забранивме, би­дејќи не оди со нас.“ Исус му рече: „Не забранувајте му! Зашто, кој не е против вас, тој е со вас.“ А кога се приближија деновите на Неговото воздигнување, Тој одлучи да тргне на пат за Ерусалим; и испрати пред Себе гласници; тие отидоа и влегоа во едно самарјанско село да подготват за Него. Но таму не Го примија, зашто имаше из­глед на патник што оди во Ерусалим. Кога го видоа тоа Неговите ученици Јаков и Јован, рекоа: „Господи, са­каш ли да кажеме да падне оган од не­бото и да ги истреби, како што направи и Илија?“ Но Тој се сврте кон нив, ги укори и рече: „Вие не знаете од каков дух сте, зашто Синот Човечки дојде не да погубува човечки души, туку да ги спа­си.“ И отидоа во друго село. А додека тие патуваа, некој Му ре­че: „Господи, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.“ Исус му рече: „Лисиците имаат лег­ла и небесните птици гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да потслони.“ На друг, пак, му рече: „Врви по Мене!“ А тој одговори: „Господи, до­зволи ми нај­напред да отидам да го погребам татко ми!“ Но Исус му рече: „Остави ги мрт­ви­те да ги погребуваат своите мртовци, а ти оди и разгласувај го Бож­јото царство!“ Потоа некој друг Му рече: „Гос­по­ди, ќе одам по Тебе, но дозволи ми нај­нап­ред да се збогувам со своите до­маш­ни.“ Исус, пак, му рече: „Никој, што ја ставил својата рака на ралото и пог­ле­д­ну­ва назад, не е достоен за царството Божјо.“ Потоа Господ назначи и други седумдесетмина и ги испрати пред Себе по двајца во секој град и мес­то, ка­де и Сам сакаше да оди, и им рече: „Жетвата е голема, а ра­ботниците се малку; затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати ра­ботници за Својата жетва. Одете! Ете, Јас ве испраќам како јагниња среде волци. Не носете со себе ниту ќесе, ниту торба, ниту обувки и никого по патот не поздра­вувајте! Во секоја куќа во која ќе влезете, прво кажете: ’Мир на овој дом!‘ Па, ако има таму некој син на мирот, вашиот мир ќе почива на него; а ако, пак, нема, тој ќе се врати во вас; и во таа куќа останете, и јадете и пијте што ќе ви дадат; зашто работникот ја заслужува својата награда. Не премес­ту­вајте се од куќа в куќа. Кога ќе влезете во некој град, и ќе ве примат, јадете што ќе ви се принесе; лекувајте ги болните што се во него и говорете им: ’Се приближи до вас царството Божјо.‘ А кога ќе влезете во некој град и не ве примат, излезете по неговите улици и кажете: ’И правта од вашиот град што се прилепила на нашите нозе, ви ја истресуваме; но знајте го тоа дека се приближи царството Божјо.‘ Ви велам дека во оној ден на Содом ќе му биде полесно, отколку на тој град.“ „Тешко тебе, Хоразине! Тешко те­бе, Витсаидо! Зашто, ако во Тир и Си­дон се случеа великите дела што се случија кај вас, тие одамна, седејќи во вреќи и пе­пел, ќе се беа покајале. Но на Тир и Сидон ќе им биде по­лесно на Судот, отколку вам. И ти, Капернауме, кој си се издигнал до небото, до адот ќе бидеш симнат. Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се от­ка­жува; а кој се откажува од Мене, се от­кажува од Оној што Ме пратил.“ Се вратија, пак, седумдесеттемина со радост и велеа: „Господи, во Твое име и демоните ни се по­ко­ру­ваат.“ А Тој им рече: „Го видов сатаната како падна од небото како молња! Еве, ви давам власт да газите на змии и скорпии, и власт над секоја не­пријателска сила; и ништо нема да ви наштети; но не радувајте се на тоа што ду­хо­вите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се напишани на не­бесата.“ Во тој час Исус се зарадува во Духот и рече: „Те прославувам, Оче, Гос­поди на небото и на земјата, зашто си го сокрил ова од мудрите и разумните, а си им го открил на децата. Да, Оче, зашто таква беше Твојата волја.“ Па, откако се сврте кон учениците, рече: „Сѐ Ми е предадено од Мојот Отец; и никој не знае Кој е Синот, освен Отецот; и никој не знае Кој е Отецот, освен Си­нот, и оној кому Синот сака да му Го открие.“ И откако се сврте кон уче­ни­ците, насамо им рече: „Блажени се очите кои го гледаат ова што го гледате вие. Зашто ви велам: многу пророци и цареви сакаа да видат што гледате вие и не видоа; и да чујат што слушате вие и не чуја.“ И ете, стана еден законик и, искушу­вајќи Го, рече: „Учителе, што да направам за да наследам вечен живот?“ А Тој му рече: „Што е напишано во Законот? Како читаш?“ Тој одговори и рече: „Возљуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себеси!“ Му кажа: „Добро одговори; тоа прави го и ќе живееш.“ Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исус: „А кој е мојот ближен?“ Исус му одговори и рече: „Еден чо­век, додека слегуваше од Ерусалим во Ерихон, западна меѓу разбојници. Тие го соблекоа, го претепаа и си отидоа, оставајќи го полумртов. Случајно слегуваше по тој пат еден свештеник и, кога го виде, го одмина. Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, го виде и го одмина. Еден, пак, Самарјанин, кој патува­ше, кога дојде до него, го виде и се со­жали. И откако пријде, му ги преврза раните, полевајќи ги со масло и со вино. Потоа го качи на својот добиток, го од­несе во гостилница и се погрижи за не­го. А утредента, на заминување, извади два динарија, му ги даде на гостил­ни­ча­рот и му рече: ’Погрижи се за него; а ако потрошиш нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.‘ Кој од тие тројца ти се чини дека се покажа како ближен на оној што пад­на во рацете на разбојниците?“ А тој рече: „Оној што му пока­жа милост.“ Исус му рече: „Оди и ти прави така!“ И додека патуваа, Тој влезе во едно село; една жена, по име Марта, Го при­ми во својот дом. А таа имаше сестра што се викаше Марија, која седна до Исусовите нозе и го слушаше Неговото слово. Марта беше многу зафатена околу служењето и, кога пријде, Му рече: „Гос­поди, зар не ти е грижа што сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне.“ А Исус ѝ одговори и рече: „Марто, Марто, ти се грижиш и се вознемируваш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се од­земе.“ Еднаш Тој беше на едно место и се молеше. Кога заврши, еден од Неговите ученици Му рече: „Госпо­ди, научи нѐ да се молиме, како што Јован ги научи своите ученици.“ А Тој им рече: „Кога се молите, го­ворете: ’Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на не­бото, така и на земјата; лебот наш насушен давај ни го секој ден; и прости ни ги нашите гревови, заш­то и ние самите му ги проштеваме на секој наш должник; и не воведувај нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот!‘“ И им рече: „Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: ’Пријателе, позајми ми три леба, зашто ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам.‘ И ако оној одвнатре му одговори и рече: ’Не ме обеспокојувај; вратата е ве­ќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам да ти да­дам‘, ви велам дека, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, сепак ќе стане заради неговата настојчивост и ќе му даде колку што му треба. И Јас ви велам: Посакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој што моли – добива, а кој бара – наоѓа и на оној што чука – ќе му се отвори. И кој татко меѓу вас, ако синот му побара леб, ќе му даде камен? Или ако побара риба, ќе му даде змија наместо ри­ба? Или, ако побара јајце, ќе му даде скорпија? Па така, ако вие, кои сте зли, умеете да им давате добри дарови на своите чеда, колку повеќе небесниот Отец ќе им Го даде Светиот Дух на оние што Му бараат?“ Еднаш Тој истера еден демон, кој беше нем, а кога демонот излезе, не­миот проговори; и народот се восхити. Но некои од нив рекоа: „Тој ги изгонува демоните преку Велзевул, началникот на демоните.“ А други, искушувајќи Го, Му бараа знак од небото. Но Тој, знаејќи ги нивните помисли, им рече: „Секое царство ако е поделено само против себе, запустува, и дом кој е поделен сам против себе, пропаѓа. Па така, и сатаната ако се поделил сам против себе, како ќе опстои неговото царство? Зашто велите дека Јас со Велзевул ги истерувам демоните. И ако Јас ги истерувам демоните преку Велзевул, тогаш преку кого ги изгонуваат вашите синови? Затоа, тие ќе ви бидат судии. Ако, пак, со Божји прст ги из­го­нувам демоните, тогаш до вас дошло царството Божјо. Кога силен, вооружен човек, го чу­ва својот двор, тогаш неговиот имот е во безопасност. Но кога ќе го нападне некој посилен од него и ќе го надвладее, тој ќе му го земе сето негово оружје, на кое се надевал, и ограбеното од него ќе го раздаде. Кој не е со Мене, тој е против Ме­не; и кој не собира со Мене, тој растура. Кога нечистот дух ќе излезе од чо­ве­кот, тој минува преку безводни места и бара спокојство; и не наоѓајќи, вели: ’Ќе се вратам во мојот дом, од каде што излегов.‘ И штом ќе дојде, го наоѓа изметен и среден. Тогаш оди и доведува други седум духа, полоши од себе, и кога ќе вле­зат, живеат таму; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата.“ Додека го зборуваше тоа, една жена извика од народот и Му рече: „Блажена е утробата што Те носела и градите од кои си доен!“ А Тој рече: „Навистина, но ­бла­же­ни се и оние што го слушаат словото Божјо и го чуваат.“ А на народот, што се собираше, почна да му зборува: „Ова поколение е лукаво; бара знак, но нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона; зашто, како што Јона стана знак за Ниневјаните, така и Синот Човечки ќе биде за ова поколение. Јужната царица ќе се крене на Су­дот со луѓето од ова поколение и ќе ги осуди, зашто таа дојде од крајот на земјата за да ја чуе мудроста на Соломон; а ете, тука е поголем од Соломон. И Ниневјаните ќе се кренат на Судот со ова поколение и ќе го осудат, зашто тие се покајаа преку проповедта на Јона; а ете, тука е поголем од Јона. Никој не става запалено светило на сокриено место, ниту под покло­пец, туку на светилник, за да ја гледаат светлината оние што влегуваат. Светило на те­лото е окото. Ако твоето око е здраво, и целото твое тело е светло; а ако е лошо, и твоето тело е тем­но; затоа внимавај светлината што е во тебе да не е темнина. Ако, пак, целото твое тело е светло и нема ниеден темен дел, тогаш тоа ќе биде толку светло, како кога светило те осветлува со својот сјај.“ И кога Тој зборуваше, еден фарисеј Го помоли да руча кај Него. Тој влезе и седна на трпеза. Фарисејот се зачуди кога виде де­ка Тој не си ги изми рацете пред јадење. Но Господ му рече: „Ете, вие фари­се­ите ја миете надворешноста на чашата и на чинијата, а внатрешноста ви е полна со гра­беж и лукавство. Безумници! Оној што го направи надворешното, не го направи ли и внатрешното? Но давајте милостина од она што е внатре, тогаш сѐ ќе ви биде чис­то. Но тешко вам, фарисеи, зашто да­вате десеток од нане и рута и од се­ка­ков зеленчук, а ги занемарувате правдата и љубовта Божја; ова требаше да го правите, но и она да не го пропуштате. Тешко вам, фарисеи! Зашто сакате да сте на предни места во синагогите и да ве поздравуваат по плоштадите! Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто сте како незабележливи гро­бови врз кои луѓето, не знаејќи, поминуваат.“ На тоа некој од закониците Му рече: „Учителе, кога го говориш тоа, Ти и нас нѐ навредуваш.“ Но Тој рече: „Тешко и вам, законици, зашто ги товарите лу­ѓе­то со товари што не можат да ги под­несат, а вие сами ни со еден прст не се допирате до тие товари. Тешко вам, бидејќи им ѕидате гробници на пророците, а нив ги убија вашите татковци; Вие со тоа сведочите за делата на своите татковци и ги одобрувате, би­деј­ќи тие ги убија, а вие им ѕидате гробници. Затоа и мудроста Божја рече: ’Ќе им пратам пророци и апостоли, и од нив едните ќе ги убијат, а другите ќе ги про­гонат‘; за да се побара од ова поколение крвта на сите пророци, пролеана од постанокот на светот; од крвта на Авел па сѐ до крвта на Захарија, кој загина меѓу жртвеникот и храмот. Да, ви велам, ќе се побара од овој род. Тешко вам, законици, заш­то го зедовте клучот на познанието; сами не влеговте, а и на оние што сакат да вле­зат им попречивте.“ А кога им го зборуваше тоа, книж­ни­ците и фарисеите почнаа жестоко да Го напаѓаат и да навалуваат со разни пра­шања; Го демнеа, сакајќи да уловат неш­то од Неговата уста за да Го обвинат. Меѓутоа, кога се насобраа илјадни­ци луѓе – така што се газеа еден со друг – Тој почна да им зборува најнапред на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квас, кој е лицеме­рие. Нема ништо сокриено што не ќе се открие или тајно што нема да се дознае. Затоа, она што сте го рекле во темнина, ќе се слушне на виделина; и она што сте го ше­по­теле на уво во скришните одаи, ќе биде разгласено од покривите. А вам, на Моите пријатели, ви ве­лам: не плашете се од оние што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат. Ќе ви покажам од кого да се пла­шите: плашете се од Оној Кој, по убивањето, има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од Него плашете се! Зар не се продаваат пет врапчиња за две асарии? И ниедно од нив не е заборавено пред Бога. А вам и влакната на главата ви се изброени. Па затоа, не плашете се; вие сте поскапи од многу врапчиња. Ви велам: секој што ќе Ме признае пред луѓето и Синот Човечки ќе го признае пред Божјите ангели. А кој ќе се одрече од Мене пред лу­ѓето, тој ќе биде одречен пред Божјите ангели. На секој што ќе каже збор против Синот Човечки, ќе му биде простено; но на оној, кој ќе похули на Светиот Дух, нема да му се прости. А кога ќе ве одведат во синагогите и пред началствата и властите, не гри­жете се како ќе одговорите или што ќе кажете; зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час што треба да кажете.“ Некој од народот Му рече: „Учи­те­ле, кажи му на мојот брат да го подели со мене наследството!“ А Тој му рече: „Човеку, кој Ме пос­тави да ви судам или да ве делам?“ Потоа им кажа: „Внимавајте! Чу­вај­те се од алчноста, зашто животот на човека не зависи од изобилието на не­го­виот имот.“ И им кажа една парабола и рече: „На некој богат човек нивата му беше родила многу. И тој размислуваше во себе, велејќи: ’Што да правам, бидејќи не­мам во што да ги соберам моите плодови.‘ Па рече – вака ќе направам: ќе ги урнам моите амбари и ќе соѕидам по­го­леми, и таму ќе го соберам сето мое жито и сите мои добра, и ќе ѝ речам на мојата душа: ’Ду­шо, имаш многу добра, насобрани за многу години; успокој се, јади, пиј и ве­сели се!‘ Но Бог му рече: ’Безумниче, ноќва ќе ти ја побараат твојата душа; тоа што си го приготвил, чие ќе биде?‘ Така се случува со оној што собира богатство за себе, а не се богати во Бо­га.“ Па им рече на Своите ученици: „За­тоа ви велам: не грижете се за својот живот, што ќе јадете, ниту за телото, што ќе облечете. Зашто душата е поважна од храната, и телото – од облеката. Погледнете ги гавраните! Тие ниту сеат, ниту жнеат! И немаат скривница, ниту амбар и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците? А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакт? И така, ако ниту најмалото нешто не можете да го направите, зошто се гри­жите за друго? Погледнете ги криновите како растат! Ни се трудат, ниту предат; но ви велам дека ниту Соломон, во целата своја слава, не се облече како еден од нив. Па, ако полската трева, што денеска ја има, а утре во печка се фрла, Бог така ја облекува, тогаш колку ли повеќе ќе ве облече вас, маловерни!? Па затоа и вие, не барајте што ќе ја­дете или што ќе пиете; и не се за­гри­жу­вајте! Сето тоа го бараат незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно. Туку барајте го царството Божјо и сѐ ова ќе ви се придаде! Не плаши се, мало стадо! Зашто вашиот Отец благоволи да ви го даде царството. Продајте ги вашите имоти и да­вајте милостина! Подгответе си ќесиња што нема да изветват, неисцрпно богатство на небо­то, каде крадец не се прибли­жува и кое молец не го јаде; зашто, каде што е вашето богатство, таму ќе ви биде и срцето. Половината нека ви биде пре­па­ша­на и светилата – запалени! А вие бидете подобни на луѓето што го чекаат својот господар да се вра­ти од свадба, за да му отворат веднаш штом ќе дојде и почука. Блажени се оние слуги што господарот ќе ги за­те­че будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се препаша и ќе ги натера да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи. А ако дојде и на втора или на трета стража и ги затекне така, блажени се тие слуги! Знајте го и тоа дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би останал буден и не би доз­волил да му провалат во куќата. Затоа и вие бидете подготвени, зашто Синот Човечки ќе дојде во часот кога не се надевате!“ А Петар Му рече: „Господи, за нас ли ја кажуваш оваа парабола или за си­те?“ Тогаш Господ рече: „Кој е тој верен и мудар настојник, кого неговиот господар го поставил над своите слуги, за да им ја дава потребната храна навре­ме? Блажен е тој слуга што неговиот господар, кога ќе дојде, ќе го најде дека постапува така! Вистина ви велам дека него ќе го постави над целиот свој имот. Ако, пак, тој слуга си рече во своето срце: ’Мојот господар уште долго време нема да дојде!‘, па почне да ги тепа слугите и слугинките, да јаде и да пие и да се опи­ва, господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога тој не го очекува и во час што не го знае, па ќе го расече на две и ќе му даде удел со неверните. А оној слуга кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил, ниту постапил според неговата волја, ќе биде многу тепан. Кој, пак, не знаел, но направил нешто што заслужува тепање, ќе биде малку тепан. На секој што му е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е доверено повеќе, повеќе ќе се бара од него. Дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел. Но Јас треба да се крстам со крштение и колку Ми е тешко додека не се изврши тоа. Мислите ли дека сум дошол да да­дам мир на земјата? Не, ви велам, туку разделеност. Зашто отсега, петмина во една ис­та куќа ќе бидат разделени: тројца против двајца и двајца против тројца. Ќе се разделат татко против син и син против татко; мајка против ќерка и ќерка против мајка; свекрва против својата снаа и снаа против својата свекрва.“ А на народот му рече: „Кога гледа­те дека се крева облак од запад, веднаш велите: ’Ќе врне дожд!‘ И тоа се слу­чу­ва. А кога дува јужниот ветар, велите: ’Ќе биде горештина!‘ Па така и бива. Лицемери, изгледот на земјата и на небото знаете како да го распознавате, а ова време зар не умеете да го рас­поз­навате? Зошто самите вие не судите што е праведно? Кога, пак, одиш со противникот пред власта, потруди се уште по патот да се измириш со него, за да не те предаде на судијата, а судијата на извршителот и извршителот да те фрли в затвор. Ти велам, оттаму нема да излезеш, сѐ додека не ја дадеш и последната лепта.“ Во истото време дојдоа и некои и Го известија за Гали­лејците, чија крв Пи­лат ја беше смешал со нивните жртви. Исус им одговори и рече: „Зар мислите дека тие Галилејци беа најголемите грешници од сите Галилејци, па затоа така пострадаа? Не, ви велам: но ако не се покаете, сите така ќе изгинете! Или мислите дека оние осумнаесетмина, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа највиновни од си­те други што живеат во Ерусалим? Не, ви велам: но ако не се покаете, сите така ќе изгинете.“ И ја кажа оваа парабола: „Некој чо­век имаше смоква посадена во своето лозје, па дојде да бара род на неа, но не најде. Тогаш му рече на лозарот: ’Ете, три години доаѓам, барајќи род на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата?.‘ А тој му одговори и рече: ’Гос­по­да­ре, остави ја и оваа година, додека да ја опкопам и наѓубрам; па, можеби ќе даде род; а ако не даде, то­гаш ќе ја пресечеш.‘“ Една сабота Тој по­у­чу­ва­ше во една од синагогите. И ете, таму беше една жена која имаше дух кој осумнаесет години ја држеше немоќна. Таа беше згрчена и никако не можеше да се исправи; штом ја виде Исус, ја повика и ѝ ре­че: „Жено, ослободена си од твојата немоќ.“ И ги стави Своите раце врз неа; и таа веднаш се исправи и Го славеше Бога. А старешината на синагогата, негодувајќи што Исус ја излекува во саботен ден, проговори и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи; то­гаш доаѓајте и лекувајте се, а не во са­бо­та!“ Но Господ му одговори и рече: „Ли­цемере, не го одврзува ли секој својот вол или магаре од јаслите во саботен ден и не го води ли да го напои? А оваа ќерка на Авраам, што ја вр­зал сатаната еве веќе осумнаесет години, зар не требаше да се ослободи од тие окови во сабота?“ И штом го рече ова, сите што беа против Него се засрамија; и целиот на­род се радуваше за сите славни дела из­вршени од Него. А Тој рече: „На што прилега царството Божјо и со што да го споредам? Тоа е како синапово зрно, што го зема човек, и го сее во својата градина и тоа расте и станува го­лемо дрво; па и небесните птици се вгнездуваат на неговите гранки.“ Повторно рече: „Со што да го споредам царството Божјо? Тоа прилега на квас што го зема жена, та го става во три мери браш­но, додека целото да скисне.“ И по патот за Ерусалим минуваше низ градови и села и поучуваше. Некој, пак, Му рече: „Господи, мал­кумина ли се оние што ќе бидат спасени?“ А Тој им рече: „Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто, ви велам: мнозина ќе сакат да влезат и не ќе можат. Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, сто­ејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: ’Господи, Господи, отвори ни!‘ Тој ќе ви одговори и ќе ви рече: ’Не ве познавам од каде сте!‘ Тогаш ќе почнете да зборувате: ’Ние јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше.‘ А Тој ќе рече: ’Ви велам: не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда!‘ Таму ќе биде плач и крцкање со заби, кога Авраам, Исак и Јаков и сите пророци ќе ги видите во царството Божјо, а себеси – истерани надвор. И ќе дојдат од исток и од запад, од се­вер и од југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо. И така, има последни што ќе бидат први, а има и први што ќе бидат последни.“ Во тој ден пристапија некои фа­рисеи и Му рекоа: „Излези и оди си одовде, зашто Ирод сака да Те убие!“ И им рече: „Одете и кажете ѝ на таа лисица: ете, истерувам демони и ис­целувам денес и утре – а на трети­от ден ќе завршам; но Јас треба да одам денес, утре и задутре, бидејќи не може пророк да загине надвор од Ерусалим. Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и ги каменуваш пратените кај тебе, колку­пати сакав да ги соберам твоите чеда како што квачка ги собира своите пилиња под крилјата, но не сакавте. И ете, ви се остава пуст вашиот дом. А Јас ви велам дека нема да Ме ви­дите сѐ додека не дојде времето да ка­жете: ’Благословен е Оној што доаѓа во името Господово!‘“ Една сабота влезе кај еден од фарисејските старешини да јаде леб; и тие Го надгледуваа. И ете, пред Него имаше еден чо­век со водена болест. Исус ги запраша за­кониците и фарисеите, велејќи: „Дозволено ли е да се лекува во сабота?“ А тие молчеа. И откако го допре, го исцели и го пушти да си оди. И им одговори и рече: „Кој од вас, ако му падне в бунар син или вол, нема да го извади веднаш, иако е сабота?“ И не можеа да Му одговорат на тоа. А кога забележа како поканетите ги одбираат почесните места, им кажа па­рабола: „Кога ќе те покани некој на свадба, не седнувај на почесно место, зашто ако случајно е поканет некој со поголема чест од тебе, да не дојде оној што ве поканил и тебе и него, па да ти рече: ’От­стапи му го местото!‘ и тогаш засрамен ќе седнеш на последното место. Но кога ќе те поканат, оди и седни на последното место, та кога ќе дојде оној што те поканил, да ти каже: ’Пријателе, премести се погоре!‘ Тогаш ќе имаш чест пред оние што седат со тебе на трпезата. Зашто, секој што себеси се воздигнува, ќе биде понизен; а тој што себеси се понизува, ќе биде воздигнат.“ А и на оној што Го беше поканил, му рече: „Кога даваш ручек или вечера, не кани ги своите пријатели, ниту своите бра­ќа, ниту своите роднини ниту бо­гатите соседи, зашто и тие би можеле некогаш да те поканат и да ти биде возвратено. Но кога правиш гозба, повикај ги си­ромасите, сакатите, куците и слепите. И ќе бидеш блажен, зашто тие нема­ат со што да ти возвратат. Затоа ќе ти биде возвратено при воскресението на праведните.“ А кога го слушна тоа еден од оние што седеа со Него на трпезата, Му ре­че: „Блажен е оној кој ќе јаде леб во царството Божјо!“ А Тој му рече: „Еден човек приготви голема вечера и покани мно­зи­на; и кога беше време за вечерата, го прати својот слуга да им каже на по­ка­нетите: ’Дојдете, зашто веќе сѐ е под­­готвено!‘ И почнаа сите по ред да откажува­ат; првиот му рече: ’Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини!‘ Вториот рече: ’Купив пет ѕевгари волови и одам да ги пробам; те молам, извини!‘ Третиот рече: ’Се оженив и затоа не можам да дојдам.‘ Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се разгневи домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: ’Излези бргу по плоштадите и градските улици и донеси ги тука сиромашните, сакатите, куците и слепите!‘ И рече слугата: ’Господаре, направив како што ми заповеда и има уште место.‘ И господарот му рече на слугата: ’Излези по патиштата и меѓу оградите и убеди ги луѓето да дојдат за да ми се наполни куќата!‘ Зашто, ви велам: никој од оние што беа повикани нема да вкуси од Мојата вечера. Зашто мнозина се поканети, но малкумина се избрани.“ Со Него одеше многу народ; и Тој се заврте и им рече: „Ако некој дојде кај Мене и не го намрази својот татко и својата мајка, својата жена и своите деца, браќата и сестрите, па дури и својата душа, тој не може да биде Мој ученик. И, кој не го носи својот крст и не оди по Мене, не може да биде Мој уче­ник. Зашто, кој од вас, што сака да соѕида кула, нема најнапред да седне за да на­прави сметка колку ќе чини и дали има сѐ што е потребно за да ја довр­ши? Во спротивно, ако веќе ги поставил темелите, а не може да ја доврши, сите што гледаат, ќе почнат да му се смеат, и да зборуваат: ’Овој човек почна да ѕида и не може да доврши.‘ Или кој цар, кога тргнува во војна против друг цар, нема најнапред да седне за да се посоветува, може ли со десет илјади да издржи пред оној што оди против него со дваесет илјади? Ако не може, додека е другиот уш­те далеку, ќе прати пратеници и ќе мо­ли за мир. Така и ниеден од вас, кој нема да се откаже од сѐ што има, не може да биде Мој ученик.“ „Солта е добра, но ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се осоли? Ниту на земјата ниту на ѓубривото нема да им е погодна; па затоа ја фр­ла­ат надвор. Кој има уши да слуша, нека чуе!“ Сите даночници и грешници се приближуваа кон Него за да Го слушаат. А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.“ Но Тој им ја кажа оваа парабола и рече: „Кој од вас, ако има сто овци и ако загуби една од нив, нема да ги ос­тави деведесет и деветте во пустината и нема да оди да ја бара за­гу­бената, сѐ додека не ја најде? И откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен; и кога ќе дојде дома, ќе ги повика пријателите и соседите, и ќе им рече: ’Радувајте се со мене, зашто ја најдов мојата за­гу­бена овца!‘ Ви велам дека исто така и на небото ќе биде поголема радоста за еден грешник што се кае, отколку за деведесет и девет праведници што немаат потреба од покајание. Или која жена, ако има десет драхми и ако загуби една драхма, нема да запали светило, и да ја измете куќата и да бара внимателно, сѐ додека не ја најде? А штом ќе ја најде, ќе ги повика прија­телките и сосетките, велејќи: ’Радувајте се со мене, зашто ја најдов загубената драхма!‘ Таква радост, ви велам, има и пред Божјите ангели за еден грешник што се кае.“ И рече: „Еден човек имаше два си­на. Помладиот од нив му рече на својот татко: ’Татко, дај ми го делот од имотот што ми при­паѓа!‘ И тој им го раз­де­ли имотот. По неколку дена помладиот син собра сѐ и замина во далечна земја и таму го потроши својот имот, живеејќи распуштено. И откако потроши сѐ, настана го­лем глад во таа земја и тој се најде во оскудност; па се прибра кај еден жител на таа земја и тој го прати во своите полиња да пасе свињи. И страден беше да го наполни својот стомак макар и со мешунки што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. А кога дојде на себеси, рече: ’Колку наемници кај татко ми имаат леб во изобилие, а јас умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам кај татко ми и ќе му речам: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и веќе не сум достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од тво­ите наемници.‘ Па стана и отиде кај својот татко. А додека уште беше далеку, неговиот татко го здогледа и се сожали на него, па потрча, го прегрна околу вратот и го целива. И синот му рече: ’Татко, згрешив против небото и пред тебе, и веќе не сум достоен да се наречам твој син!‘ Но, таткото им рече на своите слуги: ’Изнесете ја најубавата облека и облечете го, и ставете му прстен на раката и обувки на нозете; па доведете го згоеното теле и заколете го; да јадеме и да се веселиме, зашто овој мој син беше мртов и оживеа, беше изгубен и се најде.‘ И поч­наа да се веселат. А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до ку­ќата, слушна песни и игри. Тогаш повика еден од слугите и го праша: ’Што е ова?‘ А тој му рече: ’Брат ти си дојде и татко ти го закла згоеното теле, затоа што повторно здрав го доби.‘ Тој се разгневи и не сакаше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше. А тој му одговори на својот татко и му рече: ’Ете, ти служам толку години и никогаш не сум прекршил твоја за­по­вед; и мене никогаш не си ми дал ниту јаре за да се развеселам со моите пријатели; а штом си дојде овој твој син, што ти го упропасти имотот со блудници, за него го закла згоеното теле.‘ А тој му рече: ’Синко, ти си секогаш со мене и сѐ мое е твое; но требаше да се зарадуваме и раз­веселиме, зашто овој твој брат беше мр­тов и оживеа, беше изгубен и се нај­де.‘“ А на Своите ученици им рече: „Си беше еден богат човек кој имаше настојник, кој беше на­кле­ве­тен пред него дека го растура неговиот имот. И тој го повика и му рече: ’Што е ова што слушам за тебе? Дај отчет за раководењето, зашто веќе не ќе можеш да бидеш настојник.‘ А настојникот си рече во себе: ’Што да правам? Мојот господар ми го одзема раководењето; да копам – не можам, да просам – се срамам. Знам што да направам, за да ме примат во своите домови, откако ќе бидам отпуштен од раководењето.‘ И повикувајќи ги должниците на својот господар, секого поодделно, му рече на првиот: ’Колку му должиш на мојот господар?‘ Тој одговори: ’Сто мери масло.‘ И му рече: ’Земи си ја потврдата, седни бргу и напиши педесет!‘ Потоа му рече на другиот: ’А ти, колку должиш?‘ Тој одговори: ’Сто ме­ри пченица.‘ И му рече: ’Земи си ја пот­врдата и напиши осумдесет!‘ И господарот го пофали нес­пра­вед­ливиот настојник, оти постапил до­сетливо; зашто синовите на овој свет се подосетливи кон својот род од сино­вите на светлината. И јас ви велам: стекнете си прија­те­ли преку неправедно богатство, па, кога ќе осиромашите, да бидете примени во вечните живеалишта. Верниот во малку и во многу е ве­рен, а неправедниот во малку и во многу е неправеден. Па така, ако во неправедното богатство не бевте верни, кој ќе ви го довери вистинското? И ако во туѓото не бевте верни, кој ќе ви го даде вашето? Ниеден слуга не може да им служи на двајца господари; зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака, или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бо­га и на Мамон.“ Сето тоа го слушаа фарисеите, кои беа среброљупци, и Му се потсмеваа. Па им рече: „Вие се правите праведни пред луѓето, но Бог ги знае вашите срца; зашто, она што меѓу луѓето се цени, одвратност е за Бога. Законот и Пророците беа до Јован; а оттогаш се благовести за царството Божјо и секој со усилба влегува во него. Но полесно е небото и земјата да поминат, отколку една црта од За­ко­нот да пропадне. Секој што ја остава својата жена и се жени со друга, прави прељуба, и секој што се жени со онаа што ја оставил мажот, прави прељуба.“ „Си беше еден богат човек кој се об­лекуваше во порфир и во свила и секој ден се веселеше во раскош. А беше и еден сиромав, по име Ла­зар, кој ле­жеше пред неговата порта сиот покриен со красти, и сакаше да се нахрани со трош­ките што паѓаа од трпезата на богати­от; и кучињата доаѓаа и ги лижеа неговите рани­. Умре сиромавиот и ангелите го од­несоа во пазувите на Авраам; умре и богатиот и го погребаа. И додека беше во маки во пеколот, ги подигна своите очи и го виде од­далеку Авраам, и Лазар во не­говите па­зуви. Тогаш тој извика и рече: ’Оче Аврааме, смилувај ми се и прати го Ла­зар да го натопи врвот од својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, заш­то страдам во овој пламен!‘ Но Авраам рече: ’Синко, сети се де­ка ти си го добил своето добро уште до­дека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, овде тој се утешува, а ти страдаш. А згора на сѐ, меѓу вас и нас поставена е голема бездна така што оние кои би са­кале да дојдат кај вас, не можат; а исто така и оние оттаму не можат да преминат кај нас.‘ А тој рече: ’Тогаш, те молам, оче, прати го во куќата на татко ми, зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!‘ Но, Авраам му рече: ’Тие ги имаат Мој­сеј и Пророците; нив нека ги слушаат!‘ А тој рече: ’Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите оди кај нив, тогаш ќе се покаат.‘ Авраам му рече: ’Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да се уверат.‘“ Исус, пак, им рече на Своите ученици: „Не е можно соблазните да не дојдат, но тешко на оној преку кого доаѓаат; за него би било подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море, отколку да соблазни еден од овие мали. Внимавајте на себе. Ако се огреши твојот брат кон тебе, укори го и, ако се покае, прости му. И ако седумпати на ден се огреши кон тебе и седумпати на ден дојде и ти рече: ’Се каам‘ – прости му.“ И апостолите Му рекоа на Господ: „Засили ни ја верата!“ А Господ им рече: „Кога би имале вера колку синаповото зрно и ѝ речете на онаа црница: ’Откорни се и пресади се в море!‘ – таа би ве послушала. Кој од вас, кога ќе се врати од поле неговиот слуга, кој орал или чувал ов­ци, веднаш ќе му рече: ’Дојди и седни на трпеза!‘ Нема ли да му каже: ’Приготви ми да вечерам, препаши се и служи ме до­дека јадам и пијам, а потоа ти јади и пиј!‘ Зар ќе му благодари на тој слуга што ја исполнил неговата заповед? Мислам, не. Па така и вие, откако ќе исполните сѐ што ви е заповедано, речете: ’Ние сме бесполезни слуги, зашто го извр­шивме она што бевме должни да го из­вршиме.‘“ А кога одеше за Ерусалим, Тој по­минуваше меѓу Самарија и Галилеја. И влегувајќи во едно село, Го сретнаа десет лепрозни луѓе, кои застанаа по­да­леку, и со силен глас повикаа: „Исусе, Учителе, смилувај ни се!“ Штом ги виде, им рече: „Отидете и покажете им се на свештениците!“ И тие, уште додека одеа, се очистија. А еден од нив, кога виде дека е из­ле­куван, се врати и гласно Го прослави Бога; и падна ничкум пред Неговите нозе, благодарејќи Му. А тој беше Самар­ја­нин. Исус, пак, одговори и рече: „Зар не се очистија десетмина? Каде се дру­ги­те девет? Зар не се најдоа да се вратат и другите и да Му воздадат слава на Бога, туку само овој туѓинец?“ И му рече: „Стани, оди си! Твојата ве­ра те спаси!“ Запрашан од фарисеите кога ќе дојде царството Божјо, Тој им одговори: „царството Божјо не доаѓа забележ­ливо, ниту, пак, ќе се каже: ’Еве, овде е‘ или: ’Ете, онде е‘. Зашто цар­ство­то Божјо е внатре во вас.“ И им рече на учениците: „Ќе дојдат денови кога ќе копнеете да видите еден од деновите на Синот Човечки, и нема да видите: и ќе ви речат: ’Еве Го, овде е‘ или: ’Ете, онде е‘. – Но, не одете таму и не следете ги! Зашто, молњата, кога ќе блесне, го освет­лува она што е под небото од едниот до другиот крај, така ќе биде и со Синот Човечки во Неговиот ден. Но, најпрво Тој треба многу да пострада и да биде отфрлен од ова поколение. Како што беше во Ноевите денови, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки: јадеа, пиеја, се женеа, се ма­жеа, сѐ до денот кога Ное влезе во ковчегот, и дојде потопот, па ги погуби сите. Исто така, како што беше и во деновите на Ло­т: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа; но во денот кога Лот излезе од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги погуби сите; така ќе биде и во денот кога ќе се јави Синот Човечки. Во тој ден, кој е на покрив, а по­куќ­нината му е в куќи, нека не слегува да ја земе; а така и оној што е в поле, да не се враќа назад. Сетете се на Лотовата жена. Ако некој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а ако некој сака да го загуби, ќе го запази. Ви велам: во таа ноќ двајца ќе бидат на една постела: едниот ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен; две жени ќе мелат заедно: едната ќе биде земена, а другата ќе биде оставена.“ „Двајца ќе бидат на нива: едниот ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен.“ И, одговарајќи Му, Го прашаа: „Ка­де, Господи?“ А Тој им рече: „Каде што е трупот, таму ќе се соберат и орлите.“ Па им кажа и една парабола за тоа како треба постојано да се молат и да не паѓаат со духот. И рече: „Во некој град си беше еден судија, кој ниту од Бога се плашеше, ниту од луѓето се срамеше. Во истиот град живееше една вдовица, која доаѓаше кај него, велејќи: ’Заштити ме од мојот противник!‘ Но тој долго време не сакаше. Најпосле си рече: ’Иако ниту од Бога се плашам, ниту од луѓето се срамам, сепак, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа по­веќе и да не ми додева.‘“ Па рече Господ: „Чујте што зборува несправедливиот судија! Зар Бог нема да ги заштити Сво­ите избраници, кои викаат кон Него де­ње и ноќе; макар и да задоцни? Ви велам, набргу ќе ги заштити. Но кога ќе дојде Синот Човечки, ќе најде ли вера на земјата?“ А на оние што беа уверени за себе дека се праведни и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола: „Двајца луѓе влегоа во храмот за да се помолат, едниот фарисеј, а другиот даночник. Фарисејот застана и се молеше во себе вака: ’Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе; грабливци, несправедливи, прељубници, или ка­ко овој даночник. Постам двапати во седмицата, да­вам десеток од сѐ што ќе стекнам.‘ А даночникот стоеше одда­леку; не се осмелуваше дури и очите да ги по­дигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ’Боже, биди милостив кон мене грешниот!‘ Ви кажувам дека овој си отиде дома оправдан, а не другиот, зашто секој што себеси се воздигнува, ќе биде понизен, а секој што себеси се понизува, ќе биде воздигнат.“ Кај Него донесуваа и мали деца за да ги допре; а учениците, штом ќе видеа, им забрануваа. Но Исус ги повика и им ре­че: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не бранете им, зашто на таквите е царството Божјо! Вистина ви велам, кој нема да го прими царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“ И Го праша еден управител, велејќи: „Добар Учителе, што да направам за да наследам вечен живот?“ А Исус му рече: „Зошто Ме на­ре­куваш добар? Никој не е добар, освен Единиот Бог. Ги знаеш заповедите: не прави пре­љу­ба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги својот татко и својата мајка.“ А тој рече: „Сето тоа сум го за­па­зил уште од својата младост.“ Штом го слушна тоа, Исус му рече: „Уште само едно ти недостасува: продај сѐ што имаш, па раздај го на сиромаси и ќе имаш ризница на небото; потоа дојди и врви по Мене!“ А тој, кога го слушна тоа, многу се нажали, зашто беше многу богат. Штом виде дека тој се растажи, Исус рече: „Колку е тешко да влезат во царството Божјо оние што имаат бо­гатство! Полесно ѝ е на камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо.“ Оние што го чуја тоа, рекоа: „То­гаш кој може да се спаси?“ А Тој одговори: „Неможното за лу­ѓето е можно за Бога.“ Петар, пак, рече: „Ете, ние оставив­ме сѐ и тргнавме по Тебе.“ Тој им рече: „Вистина ви велам, нема ниту еден што оставил куќа, или ро­ди­тели, или браќа, или сестри, или же­на, или деца, заради царството Божјо, а да не добил многу повеќе од тоа во ова време, а во идниот свет – и вечен живот.“ И кога ги зеде со Себе дванаесет­темина, им рече: „Ете, се искачуваме кон Еру­салим и ќе се исполни сѐ што е напи­шано преку проро­ци­те за Синот Човечки: дека ќе биде предаден на незна­бош­ци и ќе се потсмеваат со Него, ќе Го из­ма­чуваат и ќе Го плукаат, ќе Го камшикуваат и ќе Го убијат и на третиот ден ќе воскресне.“ Но тие не разбраа ништо од ова; овие зборови беа сокриени за нив и тие не го сфатија кажаното. А додека Тој се приближуваше до Ерихон, еден слеп човек седеше крај патот и просеше; и штом чу дека покрај него минува народ, се распрашуваше: „Што е тоа?“ Му кажаа дека минува Исус Назареецот. Тогаш тој извика и рече: „Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!“ Оние што одеа напред, го опоменаа да молчи; но тој уште погласно викаше: „Сине Давидов, смилувај ми се!“ Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога тој се приближи, го праша, велејќи: „Што сакаш да ти на­пра­вам?“ А тој рече: „Господи, да про­гле­дам!“ Тогаш Исус му рече: „Прогледај! Твојата вера те спаси.“ И одеднаш прогледа и тргна по Не­го, славејќи Го Бога. И сиот народ, кога го виде тоа, Му воздаде слава на Бога. Потоа Исус влезе во Ерихон и минуваше низ него. И ете, еден човек по име Закхеј, кој беше началник на даночниците и беше богат, настојуваше да види Кој е Тој Исус, но не можеше од народот, зашто беше низок по раст. Затоа потрча напред и се качи на ед­на дива смоква за да Го види, бидејќи Тој требаше да помине покрај неа. И кога Исус дојде на тоа место, погледна нагоре, го виде и му рече: „Закхеј, слези побргу, зашто денес тре­ба да бидам во твојот дом.“ И тој веднаш слезе и Го прими со радост. И сите што го видоа тоа, негодуваа и рекоа: „Отиде на гости кај грешен чо­век.“ А Закхеј застана и Му рече на Гос­под: „Господи, еве половината од својот имот ќе ја дадам на сиромаси; и ако некого сум оштетил, четворно ќе вратам.“ А Исус му рече: „Денес дојде спасението за овој дом, зашто и тој е син на Авраам. Зашто Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси она што е за­гу­бе­но.“ А на оние што го слушаа ова, им кажа и една парабола, бидејќи Тој беше близу до Ерусалим и тие мислеа дека веднаш ќе се појави царството Божјо, па рече: „Еден благородник заминуваше во далечна земја да прими царска власт за себе и потоа да се врати. Тогаш повика десетмина од своите слу­ги, им даде десет мини и им рече: ’Тр­гу­вајте со нив, додека да се вратам!‘ Но граѓаните го мразеа и испратија по него свои претставници, да кажат: ’Не сакаме тој да царува над нас.‘ А кога се врати, по примањето на царската власт, нареди да ги повикаат оние слуги на кои им ги беше дал пари­те, за да види кој колку спечалил. Дојде првиот и му рече: ’Господаре, твојата мина заработи десет мини.‘ И господарот му рече: ’Убаво, добар слуго; бидејќи во мала работа беше верен, еве ти власт над десет градови.‘ Дојде и вториот и рече: ’Господаре, твојата мина заработи пет мини.‘ А тој и нему му рече: ’И ти биди над пет градови.‘ Дојде и друг, велејќи: ’Господаре, еве ти ја твојата мина, што ја чував заврзана в кр­па, зашто се плашев од тебе, бидејќи си строг човек: земаш од каде што не си оставил и жнееш каде што не си сеел.‘ А тој му рече: ’Со твојата уста ќе ти судам, лукав слуго; ти знаеш дека сум строг човек: земам од каде што не сум оставил и жнеам каде што не сум сеел; тогаш, зошто не ги даде моите пари кај трговците со пари, та кога ќе се вратам, да си ги соберам со добивка?‘ Па им рече на присутните: ’Земете ја од него мината и дајте му ја на оној што има десет мини!‘ И му рекоа: ’Господаре, тој има де­сет мини!‘ Ви велам дека секому што има ќе му се даде; а од оној што нема, ќе се одземе и она што го има. А оние мои непријатели, што не са­каат да царувам над нив, доведете ги ту­ка и погубете ги пред мене!“ Па откако го рече тоа, Тој тргна напред, искачувајќи се кон Ерусалим. И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до гората наречена Масли­но­ва, испрати двајца од Своите ученици, велејќи: „Одете во селоно отспротива. Штом ќе влезете во него, ќе најдете едно врзано прле, кое ниеден човек не го јавал. Одврзете го и доведете го! И ако ве праша некој: ’Зошто го одврзувате?‘ Кажете му вака: ’Тоа Му е потребно на Господ.‘“ Кога отидоа испратените, најдоа како што им беше рекол. И кога го одврзуваа прлето, сто­паните негови им рекоа: „Зошто го одврзувате прлето?“ Тие одговорија: „Потребно Му е на Господ.“ И го доведоа кај Исус, па штом ги нафрлија своите алишта на прлето, Го качија Исус. И додека Тој минуваше, ги постилаа своите облеки по патот. А кога веќе наближи до подножјето од Маслиновата Гора, целото мноштво уче­ници, радувајќи се, почна велегласно да Го прославува Бога за сите велики дела што ги видоа, велејќи: „Благословен е Царот што доаѓа во името Господово! Мир на не­бо­то и слава во висините!“ А некои фарисеи од толпата Му ре­коа: „Учителе, укори ги Твоите ученици!“ Но Тој им одговори и рече: „Ви ве­лам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат.“ А кога се приближи и го виде гра­дот, заплака за него и рече: „Кога би можел во овој твој ден и ти да го дознаеш она што е потребно за твојот мир! Но тоа сега е сокриено од твоите очи. Зашто ќе дојдат денови за тебе кога твоите не­пријатели ќе те опкружат со ро­вови, и ќе те опколат и ќе те притеснат од сите страни; и ќе те срамнат со земја, и тебе и твоите чеда во тебе и нема да остават камен на камен од тебе, зашто не си го позна времето кога беше по­се­тен.“ И кога влезе во храмот, почна да ги гони оние што продаваа и купуваа во него, велејќи им: „Напишано е: ’Домот Мој е дом за молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.‘“ И поучуваше секој ден во храмот. А првосвештениците, книжниците и старешините на народот, настојуваа да Го погубат, но не најдоа како да Му го на­прават тоа, зашто целиот народ се приврзуваше за Него и Го слу­ша­ше. Во еден од деновите, додека Тој го поучу­ваше народот во храмот и го про­поведаше благовестието, пристапија свештениците и книжниците со ста­решините и Му рекоа, велејќи: „Кажи ни, со каква власт го правиш тоа или кој е тој што Ти ја дал таа власт?“ А Тој им одговори и рече: „И Јас ќе ве прашам нешто и кажете ми: Јовановото крштевање, од небото беше или од луѓето?“ А тие размислуваа и си зборуваа меѓу себе: „Ако кажеме – од небото, ќе рече: ’зошто не му пове­рувавте?‘ А ако кажеме – од луѓето, тогаш сиот народ ќе нѐ каменува, би­дејќи е уверен дека Јован беше пророк.“ Затоа одговорија: „Не знаеме од каде е.“ Исус им рече: „Ниту Јас не ви ка­жувам со каква власт го правам ова.“ И почна да му ја раскажува на народот оваа парабола: „Еден човек насади лозје и го предаде на лозари, па си за­ми­на на подолго време. А кога дојде време, испрати кај лозарите еден слуга за да му дадат од родот на лозјето; но лозарите го претепаа и го пуштија празен. И прати и друг слуга: но тие и него го претепаа и го понижија, па го ис­пратија празен. Испрати и трет, а тие и него го повредија и го избркаа. Тогаш господарот на лозјето рече: ’Што да направам? Ќе го испратам мојот возљубен син, можеби кога ќе го видат, ќе се засрамат.‘ Но лозарите, штом го видоа, раз­мислуваа меѓу себе, велејќи си: ’Овој е наследникот! Ајде да го убиеме, за наследството да биде наше!‘ Па го изведоа надвор од лозјето и го убија. Што ќе им направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби овие лозари, а лозјето ќе го предаде на други.“ А оние што слушаа, рекоа: „Тоа никако!“ Но Тој, кога ги погледна, им рече: „Што значи тогаш напишаното: ’Ка­ме­нот што го отфрлија ѕидарите, стана ка­мен темелник‘. Секој што ќе падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, ќе го здроби.“ И во тој час првосвештениците и книжниците сакаа да стават рака на Него, но се плашеа од народот; зашто сфатија дека за нив ја кажа оваа пара­бола. И демнејќи Го, испратија и лукави луѓе, кои се преправаа дека се праведни, за да Го фатат во некој збор и да можат да Го предадат на началството и на власта на управителот. И Го прашаа, велејќи: „Учителе, знаеме дека право зборуваш и учиш, и не гледаш на лице, туку вистински поу­чуваш за Божјиот пат. Дозволено ли ни е да му даваме да­нок на цезарот или не?“ А Тој го разбра нивното лукавство и им рече: „Зошто Ме искушувате? Покажете ми еден динариј: Чиј лик и натпис стои таму?“ Тие одгово­рија: „На цезарот.“ Па им рече: „Дајте го цезаревото на цезарот, а Божјото на Бога!“ И не можеа да Го уловат во нешто во Не­говите зборови пред народот, туку само се зачудија на Неговиот одговор и за­молкнаа. Тогаш пристапија некои од саду­ке­ите, што тврдат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи: „Учителе, Мојсеј ни напи­ша: Ако умре нечиј брат, кој имал же­на и умрел бездетен, брат му нека ја земе жената и нека му подигне потомство на својот брат. Си беа седум браќа; првиот зеде жена и умре бездетен. Жената ја зеде вториот, но и тој умре бездетен. Потоа ја зеде и третиот, а така исто и сите седуммина не оставија деца и умреа. По сите нив, умре и жената. При воскресението, пак, на кого од нив таа ќе му биде жена, бидејќи се­думтемина ја имаа за жена?“ Исус им одговори и рече: „Луѓето во овој свет се женат и мажат; но оние што ќе се удостојат да го добијат оној свет и воскресението од мртвите ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат; бидејќи веќе не можат да ум­рат, зашто се како ангели, а бидејќи се синови на воскресението, тие се синови Божји. А дека мртвите воскреснуваат, тоа го покажа и Мојсеј кај капината, кога Го нарече Господ – Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков. А Бог не е на мртвите, туку на живите, зашто во Него сите се живи.“ А некои од книжниците одговорија и ре­коа: „Учителе, добро рече!“ И повеќе не се осмелуваа за ништо да Го прашаат. А Тој им рече: „Како, пак, велат де­ка Христос е син на Давид? Та и самиот Давид вели во Книгата на псалмите: ’Му рече Господ на Мојот Господ: Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите неприја­те­ли­ како подножје на Твоите нозе!‘ Значи Давид Го нарекува Господ. Па како тогаш Тој може да му биде син?“ И додека сиот народ слушаше, Тој им рече на Своите ученици: „Пазете се од книжниците што ми­луваат да одат во долги облеки и сакаат поздрави по пазариштата, предни места во синагогите и први места на гозбите, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и навидум долго се молат. Тие ќе добијат потешка пресуда.“ Кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаат сво­ите прилози во ризницата на храмот. Виде исто така и една бедна вдовица, која пушти таму две лепти, па рече: „Вистина ви велам, оваа бедна вдовица приложи повеќе од сите; сите овие приложија дарови на Бога од својот вишок; а таа од својата сиромаштија ја даде сета издршка што ја има­ше.“ И додека некои зборуваа за храмот, дека е украсен со убави камења и со заветни дарови, Тој им рече: „Ќе дојдат денови кога од сето ова што го гледате нема да остане ниту камен на камен што не ќе биде урнат.“ Го прашаа, пак, говорејќи: „Учителе, а кога ќе биде тоа и каков ќе биде знакот дека тоа почнува да се случува?“ Тој рече: „Пазете се да не ве прелажат! Зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, и ќе зборуваат дека сум Јас и дека времето се приближи. Но не одете по нив! А кога ќе чуете за војни и бунтови, не плашете се; сето тоа треба најнапред да се случи, но крајот не е вед­наш.“ Тогаш им рече: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство; а на некои места ќе има и големи земјотреси, и глад и помор; ќе има страотни појави и големи знаци од небото. А пред сето тоа ќе стават раце на вас и ќе ве гонат, предавајќи ве во синагогите и во затворите, и ќе ве водат пред цареви и управители заради Моето име. Тоа, пак, ќе ви служи за сведоштво. Затоа врежете во вашите срца, да не размислувате однапред што ќе кажете во одбрана, зашто Јас ќе ви дадам уста и муд­рост, на која не ќе можат да ѝ против­речат ниту да ѝ се спротивстават сите ваши противници. Ќе бидете предадени и од родители, и од роднини и од пријатели, и од браќа, а некои од вас ќе бидат и убиени; и ќе бидете намразени од сите заради Моето име. Но ниту влакно од вашата глава нема да загине. Преку трпение ќе ги сочувате своите ду­ши.“ „А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, тогаш знајте дека е блиску неговото запустување. Тогаш, оние што се во Ју­де­ја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него, зашто тоа се денови на одмазда, за да се исполни сѐ што е напишано. Тешко на бремените и на доилките во тие денови, зашто ќе има голема мака по земјата, и гнев врз овој народ; и ќе паднат од сечилото на мечот, и ќе бидат одведени во ропство меѓу сите народи; а Ерусалим ќе го газат незна­бошци, сѐ додека не се исполнат времињата на незнабошците.“ „И ќе има знаци на сонцето, и на месечината и на ѕвездите, а на земјата – мачнина кај народите од неизвесноста поради бучењето на морето и на брановите; луѓето ќе издивнуваат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто небесните сили ќе бидат разнишани. И тогаш ќе Го видат Синот Чо­веч­ки како доаѓа на облак, со голема сила и слава. А кога ќе почне да се случува тоа, ис­правете се и подигнете ги своите глави, зашто се приближува вашето избавување.“ И им ја кажа оваа парабола: „Погледнете ја смоквата и сите дрвја; кога ќе видите дека потеруваат, са­ми знаете дека летото е веќе близу. Па така и вие, кога ќе видите дека ова се случува, знајте дека се приближи цар­ството Божјо. Вистина ви велам, нема да помине ова поколение, додека сето ова не се случи. Небото и земјата ќе поминат, но зборовите Мои нема да поминат.“ „Но внимавајте на себе: вашите срца да не натежнат од прејадување, пи­јанство и животни грижи, за да не ве затекне ненадејно оној ден; зашто тој ќе дојде како стапица за сите што живеат по лицето на целата земја; и така, бидете будни во секое време, мо­ле­јќи се, за да се удостоите да го избегнете сето она што треба да се случи и да застанете пред Синот Човечки!“ Дење Тој беше во храмот и поучу­ваше, а ноќе излегуваше и ноќеваше во гората наречена Маслинова. И сиот народ од рано утро доаѓаше кај Него во храмот, за да Го слуша. Се приближуваше празникот Бесквасници, наречен Пасха; а првосвештениците и книжниците бараа начин како да Го погубат, зашто се плашеа од народот. Тогаш сатаната влезе во Јуда, наречен Искариотски, кој беше вброен меѓу двана­есеттемина. И кога отиде, се договори со прво­свештениците и со началниците како да им Го предаде. Тие се зарадуваа и се спогодија со него да му дадат пари. Тој се согласи и бараше погодно време да им Го предаде без присуство на наро­дот. И дојде денот Бесквасници, кога тре­баше да се заколе пасхалното јагне; па Исус ги испрати Петар и Јован и им рече: „Одете и пригответе ја Пас­хата за нас, за да јадеме!“ А тие Му рекоа: „Каде сакаш да приготвиме?“ Тој им рече: „Ете, кога ќе влезете в град, ќе ве сретне човек што носи стомна со вода; одете по него во куќата, каде што ќе влезе, и кажете му на домаќинот од ку­ќата: ’Учителот ти вели: каде е собата, во која ќе ја јадам Пасхата со Своите уче­ници?‘ И тој ќе ви покаже голема послана соба на горниот кат; таму пригответе.“ Па кога отидоа, најдоа како што им бе­ше рекол и ја приготвија Пасхата. А кога дојде времето, Тој седна на трпезата и дванаесеттемина апостоли со него. И им рече: „Од сѐ срце сакав да ја јадам оваа Пасха со вас пред да пос­тра­дам; зашто, ви велам: нема веќе да јадам од неа, сѐ додека таа не се исполни во царството Божјо.“ И откако ја зеде чашата, заблагодари и рече: „Земете ја и разделете меѓу себе, зашто, ви велам, повеќе нема да пијам од лозовиот плод, додека не дојде цар­ството Божјо.“ Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: „Ова е Мо­ето тело кое се дава за вас; правете го ова во Мој спомен!“ Исто така направи и со чашата, по вечерата, велејќи: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв, која се пролева за вас. Но, ете, раката на оној што Ме предава е со Мене на трпезава. Синот Човечки заминува, спо­ред она што е определено, но тешко му на оној човек што ќе Го предаде.“ И почнаа да се прашуваат меѓу се­бе, кој ли е тој од нив што ќе го направи тоа? А се појави меѓу нив и препирка кој од нив да се смета за поголем. Но Тој им рече: „Царевите владеат над народите и оние што управуваат над нив се викаат добротвори. Вие, пак, немојте така; туку пого­ле­миот меѓу вас да биде како најмалиот и старешината да биде како слу­жителот. Зашто кој е поголем – тој што седи на трпеза или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како служител. Но вие сте оние што издржавте со Мене во Моите искушенија и вам ви заветувам царство, како што Мене Ми завети Мојот Отец, за да јадете и да пиете на Мојата трпеза во Моето царство, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израилеви племиња.“ И Господ рече: „Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пче­ница; но Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера; а ти, кога ќе се вратиш, укрепи ги твоите браќа!“ А тој Му одговори: „Господи, подготвен сум да одам со Тебе и во затвор и во смрт.“ Но Тој му рече: „Ти велам, Петар, нема денес да пропее петелот, додека ти трипати не одречеш дека Ме познаваш.“ Па им рече: „Кога ве праќав без ќесе и без торба, и без обувки, дали ви недостасуваше нешто?“ Тие одговорија: „Ништо.“ Тогаш им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си ја продаде облеката и нека си купи нож; зашто, ви велам, на Мене треба да се исполни и ова од Писмото: ’И меѓу беззаконици Го вброија.‘ Зашто она што се однесува за Мене, се исполнува.“ А тие рекоа: „Господи, еве овде има два ножа.“ Тој им одговори: „Доволни се.“ И излегувајќи, Тој, како и вообично, отиде кон Маслиновата Гора; а по Него одеа и Неговите уче­ници. Па штом дојде на тоа место, им рече: „Молете се да не паднете во иску­ше­ние!“ И Тој се одвои од нив, колку камен што може да се дофрли, па откако падна на ко­лена, се молеше, велејќи: „Оче, ако сакаш, отклони ја оваа чаша од Мене! Но нека не биде Мојата волја, туку Твојата!“ И му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше. Па, бидејќи се наоѓаше во внатреш­на борба, поусрдно се молеше, а потта Му стана како капки крв што паѓаа на земјата. Штом стана од молитвата, дојде кај Своите ученици и ги најде заспани од тага. И им рече: „Зошто спиете? Станете и молете се, за да не паднете во иску­шение!“ Уште додека Тој зборуваше, ете, се појави мноштво луѓе и еден од дванаесеттемина, наречен Јуда, ги предводеше; и Му пристапи на Исус да Го целива. Зашто таков знак им беше дал: „Оној што ќе Го целивам, Тој е.“ А Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“ Оние, пак, што беа околу Него, кога ви­доа што ќе стане, Му рекоа: „Господи, да удриме ли со нож?“ И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. А Исус одговори и рече: „Оставете го тоа, запрете!“ Па го допре неговото уво и го исцели. А на првосвештениците и на управителите на храмот и на стареши­ни­те што беа дошле против Него, Исус им рече: „Зар како на разбојник сте из­легле со мечеви и стапови? Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашиот час и власта на темнината.“ И кога Го фатија, Го поведоа и Го до­ведоа во домот на првосвештеникот. А Петар ги следеше оддалеку. Кога запалија оган насреде дворот и седнаа заедно, седна и Петар меѓу нив. А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, се загледа во него и рече: „И овој беше со Него!“ Но тој одрече, велејќи: „Жено, не Го познавам!“ Малку потоа го виде друг и рече: „И ти си од нив!“ Но Петар му рече: „Човеку, не сум!“ А откако мина околу еден час, некој друг почна да тврди, збору­вај­ќи: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!“ Но Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!“ И веднаш, уште додека говореше, запеа петел. Тогаш Господ се заврте и го пог­ледна Петар, а Петар се сети на Гос­по­довите зборови што Му ги беше рекол: „Уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.“ Па Петар излезе надвор и гор­ко заплака. А луѓето што Го држеа Исус, се исмеваа со Него и Го тепаа. Па, откако Го покрија, Го удираа по лицето и го прашуваа, велејќи: „Погоди кој Те удри?“ И многу други хули рекоа против Него. А кога се раздени, се собраа ста­ре­шините на народот, првосвештени­ците и книжниците и Го одведоа во својот Си­недрион, и рекоа: „Ако си Ти Христос, кажи ни!“ Но Тој им одговори: „Ако ви ка­жам, нема да поверувате. А, ако ве запрашам, нема да Ми одговорите, ниту ќе Ме пуштите. Отсега Синот Човечки ќе седи од­дес­но на Божјата сила.“ И сите рекоа: „Ти си, значи, Синот Божји?“ А Тој им рече: „Вие ве­лите дека сум Јас.“ А тие рекоа: „Какво сведоштво ни треба уште? Зашто ние самите чувме од Не­го­вата уста.“ И целото мноштво се крена, па Го поведоа кај Пилат и почнаа да Го обвинуваат, гово­реј­ќи: „Го најдовме Овој како го одвраќа народот и забранува да се дава да­нок на цезарот и вели за себе дека Тој е Христос, Цар.“ Пилат Го запраша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Тој одговори и му рече: „Ти велиш.“ Пилат им рече на првосвештениците и на народот: „Јас не наоѓам никава ви­на кај Овој Човек.“ Но тие настојуваа велејќи дека Тој го побунува народот, поучувајќи по це­ла Јудеја, почнувајќи од Галилеја, па до овде. А Пилат, штом чу за Галилеја, зап­раша: „Зар Овој Човек е Галилеец?“ И кога разбра дека Тој е од областа Иродова, Го испрати кај Ирод, кој во тоа време, исто така, беше во Еру­са­лим. А Ирод, пак, кога Го виде Исус, многу се зарадува бидејќи одамна имаше желба да Го види, зашто беше слушал многу за Него, па се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него; и Му поставуваше многу прашања, но Тој ништо не му одговори. А првосвештениците и книжниците стоеја и жестоко Го обвинуваа. Ирод, пак, со своите војници, отка­ко Го омаловажи и Го исмеа, Му облече раскошна облека и Го прати назад кај Пилат. Во тој ден Пилат и Ирод станаа пријатели, зашто претходно беа во меѓусебно непријателство. Тогаш Пилат ги повика првосвештени­ци­те, началниците и народот, па им рече: „Ми го доведовте Овој Човек како некој што го бунтува народот; и ете, јас пред вас Го испитав и не најдов кај Него никаква вина за она за што Го обвинувате; а ниту Ирод, зашто Го пратив и кај него; и ете, Тој не направил ништо што би заслужувало смрт; па затоа, откако ќе Го казнам, ќе Го ослободам.“ А тој требаше за празникот да им ослободи еден затвореник. Но тие сите заедно повикаа, гово­рејќи: „Земи Го Овој, а ослободи ни го Варава!“; тој беше фрлен в затвор поради некаква буна во градот и убиство. Пилат одново повика, сакајќи да Го ослободи Исус. Но тие викаа, велејќи: „Распни Го, распни Го!“ Тој и по третпат им рече: „Но, какво зло направил Овој? Јас не најдов во Не­го ништо што заслужува смрт; па затоа ќе Го казнам и ќе Го пуштам.“ Тие, пак, гласно викајќи, настојуваа и бараа Тој да биде распнат; и над­вла­деа нивниот вик и на прво­свеш­тениците. И Пилат одлучи да го исполни нивното барање, па, како што бараа, го ослободи Варава кој беше во затвор поради бунт и убиство, а Исус Го пре­да­де на нивната волја. И кога Го поведоа, фатија некој Симон Киринеец, кој се враќаше од поле, и му го ставија крстот, за да го носи по Исус. А по Него одеше големо мноштво од народот и жени, кои плачеа и ридаа за Него. Но Исус се заврте кон нив и им рече: „Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за сво­ите чеда; зашто, ете, доаѓаат дено­ви кога ќе се рече: ’Блажени се неплод­ни­те и утробите што не родиле и градите што не доеле!‘ Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ’Паднете врз нас‘, и на ри­диштата: ’Покријте нѐ!‘ Зашто, кога ова го прават со суровото дрво, што ќе биде тогаш со су­во­то?“ Водеа и двајца злосторници, за да ги погубат со Него. И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злосторниците, едниот од десната, а другиот од левата страна. А Исус рече: „Оче, прости им, заш­то не знаат што прават!“ И кога ја де­леа Неговата облека, фрлија ждрепка. А народот стоеше и гледаше; а и старешините се потсмеваа со Него велејќи: „Други спаси, нека Се спаси и Себеси, ако е Тој Христос, Божјиот избраник!“ А Му се потсмеваа и војниците, кои приоѓаа, Му принесуваа оцет, и велеа: „Ако си Ти Царот Јудејски, спаси се Себеси!“ А над Него имаше натпис, напишан со грчки, латински и еврејски букви: „Овој е Царот Јудејски.“ Еден од распнатите злосторници хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси се Себеси и нас!“ А другиот, одговорајќи му, го укори и рече: „Зар и од Бога не се плашиш, кога веќе и самиот си осуден? Ние сме праведно осудени, зашто го примивме заслуженото според на­шите дела; но Тој ништо лошо не на­правил.“ И Му рече на Исус: „Сети се на ме­не, Господи, кога ќе дојдеш во Своето царство!“ А Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!“ А беше веќе околу шестиот час и настана темнина по целата земја, до девет­ти­от час; и сонцето се помрачи и завесата од храмот се расцепи преку средината. А Исус извика со силен глас и рече: „Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!“ И штом го рече тоа, издивна. Стотникот, пак, кога виде што се случи, Го прослави Бога и рече: „Навис­тина Овој Човек бил праведник!“ И сиот народ што се беше собрал да гледа, кога виде што стана, се враќаше удирајќи се в гради. А сите Негови познати, и жените, кои одеа по Него од Галилеја, стоеја од­да­леку и го гледаа тоа. Имаше еден човек по име Јосиф, член на Советот, добар и праведен, кој не се согласи со нивната одлука и нивното дело. Тој беше од јудејскиот град Ариматеја и самиот го оче­ку­ва­ше царството Божјо. Тој отиде кај Пилат и го побара Исусовото тело; па откако го симна и обви во платно, го по­ложи во гроб издлабен во камен, во кој уште никој не беше положен. Тој ден беше петок и веќе настапуваше саботата. А жените, кои беа дошле со Исус од Галилеја, го следеа и го видоа гробот и полагањето на Неговото тело, па откако се вратија, приготвија ми­риси и миро; а во саботата одмараа спо­ред заповедта. Во првиот ден на седмицата, рано наутро, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси, а со нив беа и некои други жени. Но каменот го најдоа отстранет од гробот. Кога влегоа, не го најдоа телото на Господ Исус. Додека се чудеа на тоа, ете, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во блескава облека; тие се уплашија и ги наведнаа лицата кон земјата, а овие им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мрт­вите? Тој не е овде, туку воскресна; сетете се како ви рече, додека беше уште во Га­лилеја, говорејќи дека Синот Човечки треба да биде предаден во рацете на грешни луѓе, и да биде распнат и на третиот ден да вос­кресне.“ И се сетија на Неговите зборови. Па штом се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на единаесеттемина и на сите останати. Тие, пак, беа Марија Магдалина, Јо­ана и Марија, мајката на Јаков, и останатите со нив, кои им го кажаа тоа на апостолите. А нивните зборови им изгледаа ка­ко бесмислица и не им поверуваа. Петар, пак, стана и отрча до гробот, па кога се наведна, ги виде оставени само повоите. И се врати, чудејќи се за она што се случи­ло. Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии. И зборуваа меѓу себе за сите овие настани. И додека разговараа и се расправаа меѓу себе, Самиот Исус се приближи и одеше со нив; но на нивните очи не им беше дадено да Го познаат. А Тој им рече: „Какви се тие збо­ро­ви што одејќи, си ги разменувате меѓу себе, и зошто сте нажалени?“ Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Зар само Ти си туѓинец во Ерусалим, та не си разбрал што се случи во него овие денови?“ И ги праша: „Што?“ А тие Му одгово­рија: „За Исус од На­зарет, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред целиот народ; како нашите првосвештеници и началници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа; а ние се надевавме дека Тој е Оној што треба да го избави Израил; но и покрај сето тоа, денес е веќе третиот ден, откако се случи ова. А и некои жени од нашите нѐ запрепастија; тие биле рано на гробот, и не го нашле Неговото тело; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ан­гели, кои им кажале дека Тој е жив. Па и некои од нашите отидоа на гробот и најдоа сѐ така како што ре­коа жените; но Него не Го виделе.“ Тогаш им рече: „О, безумни и по срце­ спори да поверувате во сето она што го рекле пророците! Не требаше ли Христос да пострада така и да влезе во Својата слава?“ Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им разјаснуваше што е кажано за Него во сите Писма. А кога се приближија до селото во кое одеа, Тој се направи како да сака да продолжи. Но тие Го задржаа, велејќи: „Оста­ни со нас, зашто денот одмина и наскоро ќе се стемни!“ Тој влезе за да остане со нив. А кога седна со нив на трпеза, го зе­де лебот, го благослови, го прекрши и им подаде. Тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Тој стана невидлив за нив. И си рекоа еден на друг: „Зар не го­реа во нас нашите срца, кога ни зборуваше по патот и кога ни ги објаснуваше Писма­та?“ Па во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани едина­есеттемина и оние кои беа со нив, кои говореа: Господ на­вис­тина воскресна и му се јави на Симон. И тие раскажаа за она што им се беше случило по патот и како Го познаа кога го пре­кршуваше лебот. Додека тие уште зборуваа за тоа, Самиот Исус застана меѓу нив и им ре­че: „Мир вам!“ А тие, растреперени и преплашени, помислија дека гледаат дух. Но Тој им рече: „Зошто сте вознемирени и зошто такви мисли влегуваат во вашите срца? Видете ги Моите раце и нозе: Јас сум Истиот; допрете Ме и видете; зашто духот нема месо и коски, а, како што гледате, Јас имам.“ А кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете. Но додека тие од радост уште не веруваа и се чудеа, Тој им рече: „Имате ли овде нешто за јадење?“ Тие Му дадоа парче печена риба и мед во саќе. И кога зеде, јадеше пред нив. Па им рече: „Ова се зборовите што ви ги говорев уште додека бев со вас, зашто треба да се исполни сѐ што е на­пишано за Мене во Мојсеевиот Закон, кај Пророците и во Псалмите.“ Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата, и им рече: „Така е напишано и така требаше Христос да пострада и да вос­кресне од мртвите на третиот ден, и да биде проповедано во Негово име покајание и простување на гре­во­вите кај сите народи, почнувајќи од Ерусалим; а вие сте сведоци за ова. И ете, Јас ќе го испратам врз вас ве­тувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим додека не се обле­чете во сила одозгора.“ И ги изведе надвор до Витанија, па, подигнувајќи ги рацете, ги благослови. И додека ги благословуваше, се од­дели од нив и се вознесе на небото; тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. И беа постојано во храмот, прославувајќи Го и благословувајќи Го Бога. Амин! Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог. Тоа во почетокот беше во Бога. Сѐ преку Него стана и без Него ништо не стана, од она што постана. Во Него беше животот и животот им беше светлина на луѓето. Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати. Имаше еден човек, ис­пратен од Бога, по име Јован; тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат пре­ку него. Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината, вистинската Светлина, Ко­ја го осветлува секој човек што доаѓа­ во светов. Беше во светот и светот преку Него постана, но светот не Го позна. Дојде при Своите, но тие не Го примија. А на сите што Го примија – на сите што веруваат во Неговото име – им даде моќ да станат Божји чеда. Тие не се родија од крв, ниту од телесна похота, ниту од похота машка, туку од Бога. И Словото стана тело и се всели ме­ѓу нас, полно со благодат и со вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот. Јован сведочеше за Него и викаше со силен глас: „Ова е Тој за Кого реков: Оној, што доаѓа по мене, пред мене е, бидејќи беше пред мене!“ И од Неговата полнота сите примивме благодат врз благодат; зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината дојдоа преку Исус Христос. Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во пазувите на Отецот – Тој Го објави. И ова е сведоштвото на Јован, кога Јудејците испратија од Ерусалим свеш­теници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“ И потврди и не одрече, туку објави: „Јас не сум Христос.“ И го прашаа: „Кој си тогаш? Илија ли си?“ И рече: „Не сум.“ „Про­рок ли си?“ И одговори: „Не.“ А тие му рекоа: „Па кој си, за да им дадеме одговор на оние што нѐ испратија; што велиш за себе?“ Тој рече: „Јас сум гласот на оној што вика во пустината: израмнете го Госпо­довиот пат, како што вели пророкот Исаија.“ А испратените беа од фарисеите; и го запрашаа велејќи му: „Зошто тогаш крштеваш, кога не си Христос, ниту Илија, ниту пророк?“ Јован им одговори и рече: „Јас крш­тевам со вода, но меѓу вас стои Еден Кого вие не Го познавате. Тој е Оној што доаѓа по мене, Кој бе­ше пред мене, Кому јас не сум досто­ен да Му ги одврзам ремењата од обув­ките.“ Ова се случи во Витанија, отаде Јордан, каде што крштеваше Јован. Утредента Јован Го виде Исус како доаѓа кај него и рече: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое го зема гревот на светот врз Себе! Овој е Оној, за Кого реков: по мене доаѓа Човек, Кој е пред мене, бидејќи беше пред мене. Јас не Го познавав, но дојдов да крштевам со вода за Тој да му биде об­јавен на Израил.“ И Јован посведочи велејќи: „Го ви­дов Духот како слегува од небото како гу­лаб и остана над Него. Јас не Го познавав, но Оној, што ме прати да крштевам со вода, Тој ми рече: ’Врз Кого ќе видиш дека Духот слегува и дека останува над Него, Тој е Оној што ќе крштева со Светиот Дух.‘ И јас видов и посведочив дека Тој е Синот Божји.“ Утредента, Јован повторно стоеше со двајца од своите ученици. И здогледувајќи Го Исус како поминува, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!“ Кога ги слушнаа од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исус. А Исус, обѕрнувајќи се и гледајќи дека Го следат, им рече: „Што барате?“ Тие Му одговорија: „Рави – што значи: Учителе – каде живееш?“ Тој им рече: „Дојдете и видете!“ Тие отидоа и видоа каде живее и тој ден останаа кај Него. Беше околу десеттиот час. А еден од двајцата, што беа слушнале од Јован и беа тргнале по Него, беше Ан­дреј, братот на Симон Петар. Тој прво го најде својот брат Симон и му рече: „Го најдовме Месијата, што значи: Христос.“ И го одведе кај Исус. А Исус, кога го погледна, му рече: „Ти си Симон, си­нот на Јона; ти ќе бидеш наречен Кифа, што значи: Петар.“ Утредента Исус реши да отиде во Галилеја и го најде Филип, па му рече: „Врви по Мене!“ А Филип беше од Витсаида, од градот на Андреј и Петар. Филип го најде Натанаил и му рече: „Го најдовме Оној за Кого пишуваа Мојсеј во Законот, и Пророците – Исус, синот Јосифов, од Назарет!“ А Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ Филип му рече: „Дојди и види!“ Кога Исус го виде Натанаил како доаѓа кај Него, рече: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство!“ Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?“ Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.“ Му одговори Натанаил и рече: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот на Израил!“ А Исус, одговарајќи, му кажа: „Бидејќи ти реков дека те видов под смоквата, затоа ли веруваш? Ќе видиш повеќе од ова.“ И му рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото от­во­рено и Божјите ангели како се иска­чу­ваат и слегуваат над Синот Човечки.“ На третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска и мајката на Исус беше таму. На свадбата беа поканети и Исус и Неговите ученици. И кога приврши виното, Му рече на Исус Неговата мајка: „Немаат вино.“ Исус ѝ рече: „Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час.“ Но мајка Му им рече на слу­жителите: „Сѐ што ќе ви рече, направете!“ А таму имаше шест камени садови за вода, поставени според ју­дејскиот обичај за очистување, што собираа од две до три мери. Исус им рече: „Наполнете ги са­довите со вода!“ И тие ги наполнија до горе. Па им рече: „Нацрпете сега и однесете му на старосватот!“ И му однесоа. И кога старосватот вкуси од виното, што беше станало од вода – а тој не зна­еше од каде е, но служителите, што ја беа нацрпиле водата, знаеја – старосватот го повика младоженецот и му рече: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат, тогаш полошото; но ти си го чувал доброто вино досега.“ Ова го направи Исус во Кана Галилејска како почеток на Своите чуда и ја покажа Својата слава; и Неговите ученици поверуваа во Него. Потоа Тој слезе во Капернаум со мајка Му, Неговите браќа и Неговите ученици; и таму останаа неколку дена. Се приближуваше јудејската Пасха и Исус се искачи во Еру­са­лим. Во храмот ги затекна како седат оние што продаваа волови, овци и гулаби, и менувачите на пари. И откако направи камшик од врвци, ги избрка од храмот сите, и овците и воло­вите; а на менувачите им ги растури па­рите и им ги испреврте масите, па им рече на оние што продаваа гулаби: „Носете го тоа одовде! Не правете од до­мот на Мојот Отец, дом за трговија!“ Тогаш Неговите ученици се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот дом Ме изеде.“ А Јудејците, пак, одговорија и Му рекоа: „Каков знак ќе ни покажеш, штом го правиш тоа?“ Исус им одговори и рече: „Ур­не­те го овој храм и за три дена ќе го подигнам.“ А Јудејците рекоа: „Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дена ли ќе го подигнеш?“ Но Тој говореше за храмот на Сво­ето тело. А кога воскресна од мртвите, Неговите ученици се се­тија дека за ова беше говорел, и поверуваа на Писмото и на словото што го беше рекол Исус. А кога беше во Ерусалим на праз­никот Пасха, мнозина, гледајќи ги чу­десните знаци што ги пра­ве­ше, поверуваа во Неговото име. Но Самиот Исус не им се доверува­ше, бидејќи ги знаеше сите, и немаше потреба никој да Му све­дочи за човекот, бидејќи Самиот знаеше што има во човекот. Меѓу фарисеите имаше еден човек по име Никодим, јудејски началник. Тој дојде кај Исус ноќе и Му рече: „Рави! Знаеме дека си учител, дојден од Бога, зашто никој не може да ги прави овие чуда што ги правиш Ти, ако Бог не е со него.“ Исус му одговори и рече: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо.“ Никодим Му рече: „Како може чо­век да се роди кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на својата мајка и да се роди?“ А Исус му одговори: „Вистина, вис­тина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во цар­ството Божјо; она што е родено од телото, тело е; а она што е родено од Духот, дух е. Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора. Ветрот дува каде што сака и неговиот шум го слушаш, но не знаеш од каде доаѓа и на каде оди; така е со секој човек роден од Духот.“ Никодим Му одговори и рече: „Како може тоа да биде?“ Исус одговори и му рече: „Ти си учител на Израилот, и тоа ли не го зна­еш? Вистина, вистина ти велам: ние збо­руваме за она што го знаеме, и сведочиме за она што сме го виделе; а вие нашето сведоштво не го примате. Кога за земни работи ви зборував и не верувате, како ќе поверувате ако ви говорам за небесните? Никој не се искачил на небото, ос­вен Оној Кој слезе од небото, Синот Човечки, Кој е на небото. И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се из­диг­не и Синот Човечки, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него. Оној што верува во Него – нема да биде суден, а оној што не верува, тој е веќе осуден, зашто не поверувал во името на Еди­но­родниот Син Божји. А ова е судот: светлината дојде на светот, но луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли. Зашто секој, што прави зло, ја мра­зи светлината и не оди кон светлината, за да не бидат разоткриени неговите дела. А оној што твори вистина, оди кон светлината за да се видат неговите дела, бидејќи во Бога се извршени.“ Потоа дојде Исус со Своите ученици во Јудејската земја и таму живе­еше со нив и крштеваше. А Јован крштеваше во Енон, близу Салим, зашто таму имаше многу вода; и доаѓаа и се крштеваа, зашто Јован уште не беше фрлен во затвор. Тогаш настана расправија меѓу Јовановите ученици и некој Јудеец околу очистувањето. И дојдоа кај Јован и му рекоа: „Ра­ви, Оној што беше со тебе отаде Јордан и за Кого ти сведочеше, ете, Тој крш­те­ва и сите одат кај Него.“ А Јован одговори и рече: „Не може човек ништо да прими, ако не му биде дадено од небото. Вие самите сведочите дека реков: ’Јас не сум Христос, но сум ис­пратен пред Него.‘ Оној што ја има невестата е мла­до­женец; а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа, пак, моја ра­дост се исполни. Тој треба да расте, а јас да се смалувам!“ „Оној што доаѓа одозгора, Тој е над сите; а оној што е од земјата, земен е и како земен зборува. Оној што доаѓа од небото, Тој е над сите. И за она што видел и чул, за тоа све­дочи; и Неговото сведоштво не го прима никој. А тој што го примил Неговото све­доштво, потврдил дека Бог е вистинит. Бидејќи, тој што е испратен од Бога, кажува Божји зборови; зашто Бог Го дава Ду­хот неизмерно. Отецот Го љуби Синот и сѐ Му предаде во Неговата рака. Оној што верува во Синот, има вечен жи­вот; а оној што не верува во Синот, нема да види живот, туку Божјиот гнев ќе остане врз него.“ Кога Господ разбра дека фарисеите слушнале за Него, дека Исус придобива и крштева повеќе ученици отколку Јован, иако Самиот Исус не крш­те­ваше, туку Неговите ученици, ја напушти Јудеја и отиде во Га­лилеја. Но требаше да мине преку Самарија. Така, дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, близу до земјиштето што му го даде Јаков на својот син Јо­сиф. Таму беше изворот на Јаков. Исус, пак, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час. Дојде една жена од Самарија за да нацрпи вода. Исус ѝ рече: „Дај Ми да пи­јам!“ А Неговите ученици беа отишле во градот да купат храна. Жената Самарјанка Му рече: „Како Ти, Којшто си Јудеец, бараш од мене, жена Самар­јанка, да пиеш?“ Зашто Јудејците со Самарјаните не се мешаат. Исус ѝ одговори и рече: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Овој што ти вели: ’Дај Ми да пијам‘ – ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.“ Жената Му рече: „Господине, Ти немаш ведро, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш жива вода? Зар Ти си поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде овој кладенец!? И самиот тој пиеше од него, и неговите синови и неговиот добиток!“ Исус ѝ одговори и рече: „Секој што пие од оваа вода, ќе ожедни повторно; а оној што ќе пие од водата што ќе му ја дадам Јас, нема да ожедни довека; туку водата што ќе му ја дадам, во него ќе стане воден извор што тече во вечен живот.“ Жената Му рече: „Господине, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да доаѓам овде да црпам!“ Исус ѝ рече: „Оди, повикај го твојот маж и дојди тука!“ Жената одговори и Му рече: „Не­мам маж.“ Исус ѝ рече: „Право кажа: ’Немам маж‘; зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; тоа што го рече е вистина.“ Жената Му одговори: „Господине, гледам дека Ти си пророк! Нашите татковци се поклонуваа во оваа планина, а вие велите дека во Еру­салим е местото каде што треба да се поклонуваме.“ Исус ѝ рече: „Жено, верувај Ми де­ка доаѓа време кога ниту во оваа плани­на, ниту во Ерусалим ќе Му се поклонувате на Отецот. Вие се поклонувате на она што не го знаете, а ние се поклонуваме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците. Но доаѓа време, и веќе настапило, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот во дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние што Му се поклонуваат. Бог е Дух и оние што Му се покло­нуваат, треба да се поклонуваат во дух и вистина.“ Жената Му рече: „Знам дека ќе дој­де Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Тој, за сѐ ќе нѐ извести.“ А Исус ѝ рече: „Јас сум, Кој зборува со тебе.“ И тогаш дојдоа Неговите ученици и се зачудија дека говореше со жена; но ниеден не Му рече: „Што сакаш?“ или: „Зошто зборуваш со неа?“ А жената ја остави својата стомна и отиде во градот и им рече на луѓето: „Дојдете, видете Го Човекот Кој ми кажа сѐ што сум направила. Да не е Тој Христос?“ Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него. А во меѓувреме, пак, учениците Го молеа, велејќи: „Рави, јади!“ Но Тој им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.“ Тогаш учениците си проговорија меѓу себе: „Да не Му донел некој да ја­де?“ А Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној што Ме прати и да го извршам Неговото дело. Не велите ли вие: ’Уште четири месеци, па ќе настане жетва?‘ А Јас, пак, ви кажувам: подигнете го погледот и видете ги нивите, оти веќе се бели за жетва. И жетварот веќе добива плата и со­бира род за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот. Зашто во ова се овистинува поговорката: ’Еден сее, а друг жнее.‘ Јас ве испратив да го жнеете она за што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.“ И мнозина Самарјани од оној град поверуваа во Него поради зборовите на жената која сведочеше: „Ми кажа сѐ што сум направила.“ Кога дојдоа, пак, Самарјаните кај Него, Го замолија да остане кај нив. И Тој остана таму два дена. И уште повеќе народ поверува поради Неговото слово; а на жената ѝ велеа: „Сега веќе не веруваме само поради твоето ка­жу­вање, зашто самите чувме и знаеме дека Тој навистина е Спасителот на светот, Хрис­тос.“ А по два дена, Тој замина оттаму и отиде во Галилеја. Зашто Самиот Исус беше посведочил дека пророкот во својот роден крај нема чест. Кога дојде, пак, во Галилеја, Гали­лејците Го примија, зашто беа виделе сѐ што извршил во Ерусалим на праз­никот; зашто и тие беа на празникот. И така, Исус повторно дојде во Кана Галилејска, каде беше претворил вода во вино. Имаше еден царски човек, чијшто син боледуваше во Капернаум. Тој, штом чу дека Исус пристигнал од Јудеја во Галилеја, отиде кај Него и Го замоли да слезе и да му го излекува синот, зашто беше на умирање. А Исус му рече: „Ако не видите знаци и чуда, нема да поверувате?“ Царскиот човек Му рече: „Господи, дојди додека уште не ми умрело детето!“ А Исус му одговори: „Оди си! Тво­јот син е жив!“ И човекот поверува на зборот што му го кажа Исус и си замина. И уште додека слегуваше, го сретнаа неговите слуги и го известија, велејќи: „Твоето дете е живо!“ Тој, пак, ги запраша за часот кога му ста­нало полесно. Тие му одговорија: „Од вчера во седмиот час веќе нема треска.“ Тогаш таткото сфати дека тоа е часот кога Исус му рече: „Твојот син е жив!“ И поверува тој и целиот негов дом. Ова беше второто чудо што го из­врши Исус кога пристигна од Јудеја во Галилеја. Потоа беше еден јудејски празник и Исус се искачи во Ерусалим. А во Ерусалим, кај Овчата порта, има бања, на еврејски наречена Витез­да, со пет тремови. Во нив лежеа многумина болни, слепи, куци, исушени, што чекаа да се раздвижи водата, зашто одвреме навреме во бањата слегуваше ангел и ја разбрануваше водата; и кој прв ќе влезеше по разбранувањето на водата, оздравува­ше од каква било болест да боледуваше. Таму имаше и еден човек што боледуваше триесет и осум години. Исус, гледајќи го како лежи и зна­еј­ќи дека многу години боледува, му ре­че: „Сакаш ли да оздравиш?“ Болниот Му одговори: „Господине! Немам човек што ќе ме спушти во ба­њата кога ќе се разбранува водата; до­де­ка јас да дојдам, друг слегува пред ме­не.“ Исус му рече: „Стани, земи си ја пос­телата и оди!“ И веднаш оздраве човекот, ја зеде својата постела и одеше. А тој ден бе­ше сабота. Поради тоа Јудејците Му рекоа на излекуваниот: „Сабота е и не ти е дозволено да ја носиш својата постела!“ Но тој им одговори: „Оној што ме излекува, ми рече: ’Земи си ја постела и оди!‘“ А тие го прашаа: „Кој е Човекот што ти рече: ’Земи си ја постела и оди?‘“ Но исцелениот не знаеше Кој е, зашто Исус се беше оддалечил бидејќи на тоа место имаше многу народ. Потоа Исус го сретна во храмот и му рече: „Ете, сега си здрав и не гре­ши веќе, за да не те снајде нешто по­ло­шо!“ А човекот отиде и ги извести Јудејците дека Исус е Оној што го из­ле­кувал. И затоа Јудејците Го гонеа Исус и сакаа да Го убијат, бидејќи тоа го вршеше во сабота. А Исус им одговараше: „Мојот Отец досега работи, и Јас работам.“ Затоа Јудејците уште повеќе сакаа да Го убијат, бидејќи не само што ја нарушуваше саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Отец, правејќи се ед­наков на Бога. А Исус им одговараше и рече: „Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не види што прави Отецот; бидејќи она што го прави Тој, тоа истото го прави и Синот. Зашто, Отецот Го љуби Синот и Му покажува сѐ што Самиот прави; и ќе Му покаже дела поголеми од овие, за вие да се чудите. Зашто, како што Отецот ги воскреснува мртвите и ги оживува, така и Синот ги оживува оние што сака. Отецот не суди никого, туку целиот суд Му го предаде на Синот; та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот. Оној што не Го почитува Синот, тој не Го почитува ниту Отецот, што Го пратил. Вистина, вистина ви велам: оној што го слуша Моето слово и верува во Оној што Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот. Вистина, вистина ви велам: иде часот, и веќе е дојден, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и тие што ќе го чујат, ќе оживеат. Зашто, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе; и Му даде власт и да суди, зашто Тој е Синот Човечки. Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите што се во гробовите, ќе го чујат Неговиот глас и ќе излезат: оние што правеле добро, ќе воскреснат за живот, а оние што правеле зло, ќе воскреснат за осудување. Јас ништо не можам да правам Сам од Себе. Како што слушам, така и судам и Мојот суд е праведен, зашто не ја барам Мојата волја, туку волјата на Отецот што Ме прати. Ако Јас сведочам Сам за Себе, Моето све­доштво не е вистинито. Но има Друг што сведочи за Мене; и знам дека е вистинито тоа сведоштво со кое Тој сведочи за Мене. Вие пративте кај Јован и тој ви ја посведочи вистината. Но Јас не примам сведоштво од човек; туку ова го кажувам за да се спасите вие. Тој беше светило што гори и свети, а вие само на кратко сакавте да се порадувате на неговата светлина. Но Јас имам сведоштво поголемо од Јовановото; делата што Ми ги даде Отецот да ги извршам, самите тие дела, што ги извршувам Јас, сведочат за Мене дека Ме пратил Отецот. И Отецот, Кој Ме прати, Тој пос­ведочи за Мене. А вие ниту Неговиот глас некогаш сте го чуле, ниту Неговото лице сте го виделе. И Неговото слово не живее во вас, зашто не верувате во Оној што Тој Го пра­тил. Ги истражувате Писмата, зашто мислите дека во нив имате вечен живот; а токму тие сведочат за Мене. Но не сакате да дојдете кај Мене за да имате живот. Од луѓе слава не примам, но ве знам дека во себе немате Божја љубов. Јас дојдов во името на Мојот Отец и не Ме примате; а некој друг, ако дојде во свое име, него ќе го примите. Како можете да поверувате, вие што примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате? Немојте да мислите дека Јас ќе ве обвинувам пред Отецот; има кој да ве обвини – Мојсеј, на кого вие се надевате. Зашто, ако му бевте верувале на Мојсеј, и Мене ќе Ми поверувавте, заш­то тој пишуваше за Мене. Ако, пак, на неговите Писанија не верувате, како тогаш ќе им поверувате на Моите зборови?“ Потоа Исус отиде на другата страна од Галилејското, односно Тиверијадското Море. И по Него одеше многу народ, зашто ги гледаа чудата што ги вршеше над болните. А Исус отиде во гората и таму се­де­ше со Своите ученици. И наближуваше јудејскиот празник Пасха. Исус, пак, откако ги подигна очите и виде дека многу народ доаѓа кон Него, му рече на Филип: „Од каде да купиме леб за да јадат овие?“ А тоа го рече за да го искуша, зашто Самиот знаеше што ќе направи. Филип Му одговори: „И да купиме леб за двесте денарии, не би било доволно за секој да добие по малку!“ Еден од Неговите ученици, Андреј, братот на Симон Петар, Му рече: „Овде има едно момче што има пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толкумина?“ Исус рече: „Кажете им на луѓето да поседнат!“ А на тоа место имаше многу трева. Тогаш поседнаа мажите, околу пет илјади на број. Исус ги зеде лебовите, заблагодари и им ги подаде на учениците, а учени­ци­те на оние што поседнаа; исто така и од рибите, кој колку са­ка­ше. А кога се наситија, им рече на Своите ученици: „Соберете ги преостана­тите парчиња за да не се загуби ништо!“ И од петте јачменови лебови собраа и наполнија дванаесет кошеви со пар­чи­ња, што им преостанаа на оние што ја­деа. Луѓето, гледајќи го чудото што Исус го направи, рекоа: „Овој е навистина Пророкот Кој требаше да дојде во светот!“ Но Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да го прогла­сат за цар, повторно се повлече Сам во гората. А приквечер, Неговите ученици слегоа до морето, и откако влегоа во коработ, тргнаа преку мо­рето кон Капернаум. И веќе се беше стемнило, а Исус сѐ уште не беше дошол кај нив. Морето, пак, се подигаше, зашто дуваше силен ветар. И кога беа поминале дваесет и пет – до триесет стадии, Го видоа Исус ка­ко оди по морето и како се приближува кон коработ, па се уплашија. Но Тој им рече: „Јас сум, не пла­шете се!“ Тогаш тие сакаа да Го примат во коработ; и коработ наеднаш се најде на брегот, каде што одеа. Утредента народот, што стоеше од другата страна на морето, забележа дека таму немаше друг кораб, освен оној во кој влегоа Неговите ученици, и дека Исус не влезе во коработ со Своите ученици, туку Неговите ученици заминаа сами. И други кораби дојдоа од Тиве­ри­ја­да, близу до местото каде што беа јаделе леб, откако Господ заблагодари. И кога луѓето видоа дека ниту Исус, ниту Неговите ученици не беа таму, самите влегоа во корабите и дојдоа во Ка­пернаум да Го бараат Исус. И штом Го најдоа отаде морето, Му рекоа: „Рави, кога дојде овде?“ А Исус им одговори и рече: „Вис­ти­на, вистина ви велам: вие не Ме барате затоа што видовте чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте. Трудете се не за храната што се расипува, туку за храната што останува во вечен живот, што Синот Човечки ќе ви ја даде, зашто врз Него ставил печат Бог Отецот.“ А тие Му рекоа: „Што да правиме за да ги извршуваме Божјите дела?“ Исус им одговори и рече: „Божјото дело е ова: да поверувате во Оној што Тој Го испрати.“ А тие Му рекоа: „Каков знак ќе ни покажеш, та да видиме и да Ти поверуваме? Што ќе направиш? Нашите татковци јадеа мана во пус­тината, како што е напишано: ’Леб од небото им даде да јадат.‘“ Но Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: не ви даде Мојсеј леб од не­бото, туку Мојот Отец ви дава вистински леб од небото. Зашто Божјиот леб е Оној, што сле­гува од небото и му дава живот на светот.“ Тогаш Му рекоа: „Господи, да­вај ни го секогаш тој леб!“ А Исус им рече: „Јас сум лебот на животот; оној што доаѓа кај Мене, нема да ог­ладни и оној што верува во Мене, нема никогаш да ожедни. Но ви реков дека вие и Ме видовте и не верувате. Сѐ што Ми дава Отецот, ќе дојде кај Мене; а оној што доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор; зашто слегов од небото не за да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Оној што Ме прати. А волјата на Отецот, што Ме прати, е оваа: од сѐ што Ми дал да не загубам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден. А оваа е волјата на Оној што Ме прати: секој што ќе Го види Синот и ќе поверува во Него – да има вечен живот, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“ Негодуваа против Него Ју­деј­ци­те, зашто рече: „Јас сум лебот што сле­зе од небото“, и зборуваа: „Зар не е Овој Исус, синот на Јо­сиф, Чии татко и мајка ги знаеме? Како тогаш Тој вели: ’Слегов од небото.‘“ Исус им одговори и рече: „Не мр­морете меѓу себе. Никој не може да дојде кај Мене, ако не го привлече Отецот, што Ме пра­ти; и Јас ќе го воскреснам во последни­от ден. Кај Пророците е напишано: ’И сите ќе бидат научени од Бога.‘ Секој што чул од Отецот и се научил, доаѓа кај Мене. Не дека некој Го видел Отецот, освен Оној Кој е од Бога; Тој го видел Отецот. Вистина, вистина ви велам: Оној што верува во Мене, има вечен живот. Јас сум лебот на животот. Татковците ваши јадеа мана во пус­тината и умреа; ова е лебот што слегува од небото, и оној што јаде од него, нема да умре. Јас сум живиот леб што слезе од не­бото; оној што ќе јаде од овој леб, ќе живее веч­но; а лебот што Јас ќе го дадам е Мо­ето тело, што ќе го предадам за животот на светот.“ Јудејците, пак, почнаа да се препира­ат меѓу себе, велејќи: „Како може Овој да ни го даде Своето тело да го јадеме?“ А Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете Неговата крв, нема да имате живот во себе. Оној што го јаде Моето тело и ја пие Мо­јата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Зашто Моето тело е вистинска хра­на и Мојата крв – вистински пијалак. Оној што го јаде Моето тело и ја пие Мо­јата крв, ќе биде во Мене и Јас во него. Како што Ме прати живиот Отец и Јас живеам преку Отецот, така и оној што Ме јаде Мене, ќе живее преку Ме­не. Ова е лебот што слезе од небото, а не како вашите татковци што јадеа мана и изумреа; оној што го јаде овој леб, ќе живее довека.“ Ова Исус го рече во синагогата, кога поучуваше во Капернаум. Тогаш мнозина од Неговите ученици, откако го слушнаа тоа, рекоа: „Тешки се овие зборови! Кој може да ги слуша!?“ А Исус, знаејќи во Себе дека Неговите уче­ни­ци негодуваат поради тоа, им ре­че: „Зар ова ве соблазнува? А што ако Го видите Синот Чо­веч­ки како се вознесува горе, каде што бил порано? Духот е тој што оживува, а телото не е од никаква полза. Зборовите што ви ги кажав се дух и живот. Но има меѓу вас и некои што не ве­руваат.“ Исус знаеше од почеток кои се тие што не веруваат и кој е тој што ќе Го предаде. И рече: „Затоа ви зборувам дека никој не може да дојде кај Мене, ако не му биде дадено од Мојот Отец.“ Оттогаш мнозина од Неговите ученици се повлекоа и веќе не одеа со Него. Тогаш Исус им рече на дванаесет­темина: „Да не сакате и вие да си отидете?“ А Симон Петар Му одговори: „Гос­поди, кај кого ќе отидеме? Ти имаш збо­рови за вечен живот и ние поверувавме и познавме дека Ти си Христос, Синот на живиот Бог.“ Исус им одговори: „Не ве избрав ли Јас вас, дванаесеттемина? Но еден од вас е ѓа­вол.“ А зборуваше за Јуда Симонов Ис­ка­риотски, зашто тој, еден од двана­есеттемина, сакаше да Го предаде. Потоа Исус одеше низ Галилеја, за­тоа што не сакаше да оди во Јудеја, бидејќи Јудејците сакаа да Го убијат. А се приближуваше јудејскиот празник Сеници. Тогаш Неговите браќа Му рекоа: „Замини одовде и оди во Јудеја, та и Твоите ученици да ги видат делата што ги правиш. Зашто никој не прави нешто тајно кога сака да се прочуе. Штом ги правиш овие работи, покажи му се на светот!“ Зашто ниту Неговите браќа не веруваа во Него. Тогаш Исус им рече: „Моето време уште не е дојдено, а за вас времето секогаш е погодно. Вас светот не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, зашто Јас сведочам за него дека делата му се лоши. Вие отидете на овој празник; Јас сѐ уште нема да одам на овој празник, зашто Моето вре­ме сѐ уште не се исполнило.“ Откако го рече тоа, остана во Гали­леја. Но штом отидоа Неговите браќа и Тој отиде на празникот, но не јавно, туку скришум. А Јудејците Го бараа на празникот и велеа: „Каде е Оној?“ И многу расправии имаше меѓу народот за Него; едни зборуваа: „Добар е“, а други велеа: „Не, туку го заведува народот!“ Но, сепак, никој не зборуваше от­ворено за Него, поради страв од Јудејците. А на средината од празникот, Исус влезе во храмот и поучуваше. И Јудејците се чудеа, велејќи: „Ка­ко ги знае Овој Писанијата, кога не учел?“ Тогаш Исус им одговори и рече: „Моето учење не е Мое, туку на Оној што Ме прати; и ако некој сака да ја врши Неговата волја, ќе разбере дали ова учење е од Бога, или Јас Самиот од Себе зборувам. Оној што зборува сам од себе, тој бара слава за себе; а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Тој е вистинит и во Него нема неправда. Зар Мојсеј не ви го даде Законот? И никој од вас не го исполнува Зако­нот. Зошто сакате да Ме убиете?“ Народот одговори и рече: „Демон имаш! Кој сака да Те убие?“ Одговори Исус и им рече: „Едно де­ло извршив и сите се чудите. Мојсеј ви го даде обрезанието, не затоа што тоа е од Мојсеј, туку од тат­ковците – и вие во сабота обрезува­те човек. Ако човек се обрезува во сабота, за да не се наруши Мојсеевиот Закон, тогаш зошто се гневите на Мене што цел човек излекував во сабота? Не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд!“ Тогаш некои од ерусалимците рекоа: „Не е ли ова Овој Кого сакаат да Го убијат? Ете, јавно говори и ништо не Му велат. Да не се увериле и началниците дека Тој е навистина Христос? Но Овој знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од ка­де е.“ Тогаш Исус, поучувајќи во храмот, гласно извика и рече: „И Мене Ме знаете и знаете од каде сум; и Сам од Себе не дојдов, но вистинит е Оној што ме прати, Кого вие не Го знаете. Јас, пак, Го знам, зашто од Не­го сум и Тој Ме прати.“ Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не стави рака на Него, бидејќи уште не беше дошол Неговиот час. И мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, зар ќе направи поголеми чуда откол­ку што направи Овој?“ Чуја фарисеите дека народот така зборува за Него, па фарисеите и првосвештениците испратија поданици да Го фатат. Исус, пак, им рече: „Уште малку време сум со вас, а потоа ќе отидам кај Оној што Ме прати. Ќе Ме барате и нема да Ме најдете; и каде што сум Јас, вие не мо­жете да дојдете.“ А Јудејците си рекоа меѓу себе: „Каде ќе оди Овој, та да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при раселените меѓу Елините, па и Елините да ги поучува? Што значат овие зборови: ’Ќе Ме барате и нема да Ме најдете‘; и ’Каде што сум Јас, вие не можете да дој­де­те?‘“ А во последниот голем ден од праз­никот, Исус застана и гласно извика, велејќи: „Ако некој е жеден, нека дојде кај Мене и нека пие! Оној што верува во Мене, како што е речено во Писмото, од неговата утроба ќе потечат реки од жива вода.“ А ова го рече за Духот, што требаше да Го примат оние што веруваат во Не­го; зашто Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен. А мнозина од народот, слушајќи го словото, рекоа: „Овој е навистина пророк!“ Други велеа: „Овој е Христос.“ А некои рекоа: „Зар од Галилеја ќе дојде Христос? Не е ли речено во Писмото дека Христос ќе дојде од Давидовото потомство и од гратчето Витлеем, од каде што беше Давид?“ Така настана раздор во народот заради Него. А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него. Тогаш поданиците дојдоа кај првос­веш­тениците и фарисеите, а овие им рекоа: „Зошто не Го доведовте?“ Поданиците одговорија: „Никогаш човек не говорел така како Овој Чо­век.“ Тогаш фарисеите им одговорија: „Да не се прелагавте и вие? Поверувал ли некој од началниците, или, пак, од фарисеите во Него? Но овој народ, што не го знае За­конот, е проклет.“ А еден од нив, Никодим, што беше отишол кај Него ноќе, им рече: „Осудува ли нашиот Закон човек, ако претходно не бил сослушан и не се дознае што прави?“ А тие му одговорија и рекоа: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и ќе ви­диш дека од Галилеја не се јавува пророк!“ И секој си отиде во својот дом. А Исус отиде на Маслиновата Гора. Утредента повторно дојде во храмот и сиот народ доаѓаше кај Него. А Тој седна и ги поучуваше. Тогаш книжниците и фарисеите доведоа кај Него една жена фатена во прељуба и, поставувајќи ја насреде, Му рекоа: „Учителе, оваа жена е фатена во прељуба на дело. А Мојсеј во Законот ни заповеда таквите да ги каменуваме. Ти, пак, што велиш?“ Тоа го рекоа за да Го искушаат и да имаат за што да Го обвинат. Но Исус се наведна долу и почна со прст да пишува по земјата, не гледајќи ги. Кога продолжија да Го прашуваат, Тој се исправи и им рече: „Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!“ И пак се наведна долу и пишуваше по земјата. А тие, штом го чуја тоа, бидејќи со­веста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите. И остана Исус сам со же­на­та што беше насреде. А кога се исправи и не виде никого освен жената, Исус ѝ рече: „Жено, каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“ А таа рече: „Никој, Господи.“ Тогаш Исус ѝ рече: „Ниту Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш.“ И повторно им рече Исус, велејќи: „Јас сум светлината на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот.“ Фарисеите, пак, Му рекоа: „Ти сведочиш Сам за Себе; Твоето све­доштво не е вистинито.“ Исус им одговори и рече: „Дури и Јас самиот за Себе да сведочам, Моето све­доштво е вистинито, зашто знам од каде дојдов и каде одам; а вие не знаете од каде доаѓам и каде одам. Вие судите според телото, Јас не судам никого. Но дури и да судам Јас, Мојот суд е висти­нит, зашто не сум сам, туку сме Јас и Отецот, што Ме прати. А и во вашиот Закон е напишано де­ка сведоштвото од двајца сведоци се смета за веродостојно. Јас сум Оној што сведочи за Себе; и за Мене сведочи и Отецот, што Ме прати.“ Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Отец?“ Исус одговори: „Вие не Ме зна­ете ниту Мене, ниту Мојот Отец; ако Ме знаевте Мене и Отецот Мој ќе го знаевте.“ Овие зборови Исус ги кажа кај ризницата, поучувајќи во храмот; и никој не Го фати, зашто уште не беше дошол Неговиот час. Тогаш Исус повторно им рече: „Јас си одам, и ќе Ме барате и во својот грев ќе ум­рете. Каде што ќе одам Јас, вие не мо­жете да дојдете.“ Јудејците, пак, рекоа: „Да не сака да се самоубие и затоа вели: каде што одам Јас, вие не можете да дојдете?“ И им рече: „Вие сте од долу, Јас сум од горе: вие сте од овој свет, Јас не сум од овој свет. Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; бидејќи, ако не по­верувате дека Јас сум Тој, ќе умрете во своите гревови.“ Тогаш Му рекоа: „Кој си Ти?“ Исус им одговори: „Како што од почетокот и ви кажувам. Многу имам за вас да зборувам и да судам; но Оној што Ме прати е вистинит и она што Јас го слушнав од Него, тоа и му го кажувам на светот.“ Но не разбраа дека им говореше за Отецот. Тогаш Исус им рече: „Кога ќе Го из­диг­нете Синот Човечки, тогаш ќе сфатите дека Јас сум и дека ништо не правам сам од Себе, туку како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам. Оној што Ме прати е со Мене; Оте­цот не Ме остави сам, зашто Јас секогаш го правам она што Му е угодно.“ Кога Тој го зборуваше ова, мнозина поверуваа во Него. Тогаш Исус им говореше на Јудејците, што беа поверувале во Него: „Ако вие останете во Моето слово, на­вистина сте Мои ученици; и ќе ја спознаете вистината, и вис­тината ќе ве ослободи.“ Му одговорија: „Ние сме Авраамово потомство и никогаш никому не сме робувале; како Ти велиш: ’Ќе бидете слободни?‘“ Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб е на гревот. А робот не останува довека во домот; Синот останува довека. Ако, пак, Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни. Знам дека сте Авраамово потомство, но сакате да Ме убиете зашто Моето слово не може да се смести во вас. Јас го кажувам она што сум го ви­дел кај Мојот Отец; а и вие го правите она што сте го виделе кај вашиот тат­ко.“ Му одговорија и рекоа: „Нашиот татко е Авраам.“ Исус им рече: „Ако бевте чеда Авраамови, де­лата Авраамови ќе ги вршевте. А сега сакате да Ме убиете Мене, Човекот Кој ви ја кажа вистината што ја чу од Бога. Авраам така не правеше. Вие ги вршите делата на својот татко.“ А тие Му рекоа: „Ние не сме родени од блуд; еден Отец имаме – Бог.“ Но Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Отец, тогаш ќе Ме љубевте Мене, бидејќи Јас од Бога излегов и доаѓам. Зашто не дојдов Сам од Себе, туку Тој Ме прати. Зошто не ги разбирате Моите зборови? Затоа што не можете да ги слушате Моите поуки. Вие сте од вашиот татко, од ѓаволот; и са­ка­те да ги исполнувате похотите на вашиот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, тој говори од себе, зашто е лажливец и татко на лагата. А бидејќи Јас вистината ви ја ка­жу­вам, не Ми верувате. Кој од Вас може да Ме обвини за грев? Ако, пак, ја зборувам вистината, тогаш зошто не Ми верувате? Оној што е од Бога, ги слуша Божјите зборови. Затоа вие не ги слушате, зашто не сте од Бога.“ Тогаш Јудејците Му одговорија и рекоа: „Не зборуваме ли право дека Ти си Самарјанин и дека демон имаш?“ Исус им одговори: „Јас демон немам, туку Го почитувам Својот Отец, а вие Ме бесчестите. Но Јас не ја барам Својата слава; има Друг што ја бара, и што ќе суди. Вистина, вистина ви велам; оној што ќе го запази Моето слово, нема да вкуси смрт довека.“ Тогаш Јудејците Му рекоа: „Сега разбравме дека демон има во Тебе. Авраам умре, исто и пророците, а Ти велиш: ’кој ќе ги запази Моите зборови, нема да види смрт довека‘! Да не си Ти поголем од нашиот татко Авраам, кој умре? И пророците умреа. За кого ли се сметаш Себеси?“ Исус одговори: „Ако Јас Самиот Себе се прославувам, тогаш Мојата слава е ништожна; Оној Кој Ме прославува е Мојот Отец, за Кого вие велите дека е ваш Бог; но не Го познавате, а Јас Го знам. И ако кажам дека не Го познавам, ќе бидам лажливец, како вас. Но Јас Го знам и го пазам Неговото слово. Вашиот татко Авраам се радуваше дека ќе го види Мојот ден; и го виде и се зарадува.“ Тогаш Јудејците Му рекоа: „Уште немаш ни педесет години – а си го видел Авраам!?“ Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: Уште пред да се роди Авраам, Јас сум.“ Тогаш зедоа камења за да ги фрлат на Него. Но Исус се сокри и излезе од хра­мот, поминувајќи меѓу нив; и така зами­на. Минувајќи, виде еден човек, слеп од раѓање. А Неговите ученици Го прашаа велејќи: „Рави, кој грешел – тој или неговите ро­дители, та се родил слеп?“ Исус одговори: „Ниту тој грешел, ниту неговите родители, туку тоа е за да се покажат Божјите дела врз него. Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е ден; настапува ноќ, кога никој не ќе може да работи. Додека сум во светот, Јас сум свет­лина на светот.“ Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот, и му рече: „Оди, измиј се во ба­њата Силоам!“, што значи „испратен“. Тој отиде, се изми и дојде гледајќи. А соседите и оние, што порано го беа гледале како слеп, рекоа: „Зар не е овој што седеше и просеше?“ Едни велеа: „Тој е“, а други: „Личи на него.“ Тој, пак, велеше: „Јас сум.“ Тогаш го прашаа: „Како ти се от­во­рија очите?“ Тој одговори и рече: „Еден Човек, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги на­мачка очите и ми рече: ’Оди во бањата Силоам и измиј се!‘ Отидов, се измив и прогледав.“ Пак го прашаа: „Каде е Тој?“ Тој рече: „Не знам.“ И го одведоа чо­векот што некогаш беше слеп кај фарисеите. А беше сабота кога Исус направи кал и му ги отвори очите. Тогаш фарисеите повторно го прашуваа: „Како прогледа?“ Тој им одговори: „Ми стави кал на очите, се измив и сега гледам.“ Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Овој човек не е од Бога, зашто не ја запазува саботата.“ Други говореа: „Како може грешен човек да прави такви чу­да?“ И настана расправија меѓу нив. Повторно му рекоа на слепиот: „Ти што велиш за Оној што ти ги отвори очите?“ А тој рече: „Пророк е!“ Но Јудејците не поверуваа дека тој бил слеп и дека прогледал додека не ги повикаа неговите родители и ги прашаа, велејќи: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп? Како, пак, сега гледа?“ А неговите родители им одговорија и рекоа: „Знаеме дека овој е нашиот син и дека се роди слеп; но не знаеме како сега гледа, а не знаеме ни кој му ги отвори очите. Тој е возрасен; прашајте го него, нека ви каже сам за себе!“ Неговите родители го рекоа ова би­дејќи се плашеа од Јудејците; зашто Ју­дејците веќе се беа согласиле да биде ис­клу­чен од синагогата секој што ќе Го признае за Христос. Затоа неговите родители рекоа: „Тој е возрасен, прашајте го него!“ Тогаш по вторпат го повикаа човекот што порано беше слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Оној Човек е грешен!“ А тој одговори и рече: „Дали е гре­шен, не знам; едно знам – дека бев слеп, а сега гледам.“ Па повторно му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“ Тој им одговори: „Јас веќе ви кажав и не чувте; зошто сакате повторно да чуете? И вие да не сакате да ста­не­те Негови ученици?“ А тие го укорија и му рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици! Ние знаеме дека на Мојсеј му говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.“ Човекот одговори и им рече: „Тоа е за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене ми ги отвори очите! Знаеме дека Бог не слуша греш­ни­ци, но ако некој Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша. Откако е векот, не се чуло некој да отворил очи на слепороден. Да не беше од Бога, не ќе можеше да направи ништо.“ Одговорија и му рекоа: „Сиот си роден во гревови, и ти ли нас ќе нѐ учиш?“ И го избркаа надвор. Исус чу дека го избркале надвор, па го нај­де и му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?“ Тој одговори и рече: „А Кој е, Гос­подине, за да верувам во Него?“ Исус му рече: „Си Го видел, Оној што зборува со тебе, Тој е!“ А тој рече: „Верувам, Господи!“ И падна ничкум пред Него. Исус рече: „За суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат оние што не гледаат, а оние што гледаат, да станат слепи.“ Го чуја тоа некои од фарисеите што беа со Него, и Му рекоа: „И ние да не сме слепи?“ Исус им рече: „Да бевте слепи, грев немаше да имате; а сега велите дека гледате, затоа вашиот грев останува.“ „Вистина, вистина ви велам: оној што не влегува низ вратата во овчото трло, туку прескокнува од друга страна, тој е крадец и разбојник; а оној што влегува низ вратата, тој е пастир на овците; нему вратарот му отвора и овците го слушаат неговиот глас, тој ги вика сво­ите овци по име и ги изведува. И кога ќе ги изведе своите овци, оди пред нив, а овците врват по него, бидејќи го познаваат неговиот глас; а по туѓинец никако не врват, туку бегаат од него, зашто гласот на туѓиот не го познаваат.“ Исус им ја кажа оваа парабола, но тие не разбраа што беше тоа што им говореше. Тогаш Исус повторно им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас сум вратата на ов­ците. Сите што дојдоа пред Мене се крадци и разбојници; но овците не ги послушаа. Јас сум вратата; ако некој влезе низ Мене, ќе се спаси, и ќе влезе, и ќе из­лезе и пасиште ќе најде. Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да уништи. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие. Јас сум добриот пастир. Добриот пастир си го полага животот за овците; а наемникот, којшто не е пастир и не е стопан на овците, ако види дека до­аѓа волк, ги остава овците и бега; и вол­кот ги разграбува и ги распрснува овци­те. Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците. Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите и Моите Ме знаат Мене. Како што Отецот Ме познава Мене, така и Јас Го познавам Отецот; и Својот живот го полагам за овците. И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат Мојот глас и ќе бидат едно стадо и еден пастир. Затоа Ме љуби Отецот, зашто Јас Својот живот го полагам, за повторно да го примам. Никој не Ми го одзема, туку Јас Сам од Себе го давам. Имам власт да го дадам, а имам власт и пак да си го земам. Оваа заповед ја примив од Својот Отец.“ И повторно настана расправија меѓу Јудејците поради овие зборови. Мнозина од нив велеа: „Демон има и не е при Себе. Зошто Го слушате?“ Други велеа: „Ова не се зборови на демоноопседнат; може ли демон на слеп да му отвори очи?“ Тогаш во Ерусалим беше праз­ни­кот Обновување на храмот и беше зима. Исус одеше по Соломоновиот трем од храмот. А Јудејците Го опколија и Му ре­коа: „До кога ќе ни ја мачиш ду­шата? Ако си Ти Христос, кажи ни от­во­рено!“ Исус им одговори: „Ви реков и не верувате. Делата што Јас ги вршам во името на Мојот Отец, тие сведочат за Мене. Но вие не верувате, бидејќи не сте од Моите овци, како што ви реков. Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие Ме следат и Јас им давам вечен живот; и нема да загинат довека; и никој нема да ги грабне од Мојата рака. Мојот Отец, Којшто Ми ги даде, е поголем од сите; и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Отец. Јас и Отецот сме едно.“ А Јудејците повторно зедоа камења за да Го каменуваат. Исус им одговори: „Многу добри дела ви покажав од Мојот Отец; за кое од тие дела Ме каменувате?“ Јудејците Му одговорија, велејќи: „Не Те каменуваме за добро дело, туку за богохулство, зашто Ти, иако си човек, се правиш Себеси Бог.“ Исус им одговори: „Не е ли напи­шано во вашиот Закон: ’Јас реков: бо­го­ви сте?‘ Ако Тој ги нарече богови оние кон кои беше упатено словото Божјо, а Писмото не може да се укине, тогаш зошто на Оној, Кого Оте­цот Го освети и Го прати во светот, вие Му велите: ’Богохулиш?‘ Зар затоа што реков: ’Јас сум Син Божји‘? Ако не ги вршам делата на Мојот Отец, не верувајте Ми; ако, пак, ги вршам, дури и да не Ми верувате Мене, на Моите дела поверувајте – за да разберете и да поверува­те дека Отецот е во Мене и Јас сум во Него.“ Тогаш повторно сакаа да Го фатат, но Тој им се истргна од рацете и пак отиде отаде Јордан, на местото на кое порано Јован крштеваше, и ос­тана таму. Мнозина дојдоа кај Него и говореа: „Јован не направи ниедно чудо, но сѐ што Јован рече за Него, беше вистина.“ И таму мнозина поверуваа во Него. Некој Лазар од Витанија, од селото на Марија и сестра ѝ Марта, беше болен. А Марија, чиј брат Лазар боледуваше, беше онаа што Го помаза Господа со миро и ги избриша Неговите нозе со својата коса. Тогаш сестрите испратија кај Него за да Му кажат: „Господи, ете, оној што го љубиш е болен.“ Штом чу Исус, рече: „Таа болест не е за умирање, туку за Божја слава – за да се прослави Синот Божји преку неа.“ А Исус ги љубеше Марта и нејзината сестра и Лазар. Кога, пак, чу дека е болен, тогаш остана уште два дена во местото каде што се наоѓаше. Потоа им рече на учениците: „Да отидеме пак во Јудеја!“ Учениците Му рекоа: „Рави, сега Јудејците сакаа да Те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?“ Исус одговори: „Нели има дванаесет часови во денот? Ако некој оди дење, не се препнува, зашто ја гледа светлината од овој свет; ако, пак, некој оди ноќе, се препнува, зашто светлината не е во него.“ Ова им го кажа, а потоа им рече: „Лазар, нашиот пријател, заспал; но одам да го разбудам.“ Тогаш Неговите ученици рекоа: „Господи, ако заспал, ќе стане.“ Исус, пак, го рече тоа за неговата смрт, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон. Тогаш Исус рече отворено: „Лазар умре! И се радувам заради вас што не бев таму, та да поверувате; но, да отидеме кај него.“ Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на останатите ученици: „Да отидеме и ние да умреме со него.“ Кога дојде Исус, дозна дека тој веќе четири дена е во гробот. А Витанија беше близу до Еру­салим, околу петнаесет стадии; и мнозина Јудејци беа дошле кај Марта и Марија за да ги утешат за нив­ни­от брат. Кога чу Марта дека доаѓа Исус, из­лезе да Го пресретне; а Марија седеше до­ма. Тогаш Марта Му рече на Исус: „Господи, да беше тука, брат ми немаше да умре. Но и сега знам дека што и да посакаш од Бога, Бог ќе Ти даде.“ Исус ѝ рече: „Твојот брат ќе вос­кресне!“ Марта Му рече: „Знам дека ќе вос­кресне при воскресението, во последни­от ден.“ А Исус ѝ рече: „Јас сум воскресени­ето и животот. Оној што верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој што живее и верува во Ме­не, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?“ Таа Му одговори: „Да, Господи, јас поверував дека Ти си Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светот.“ Штом го рече тоа, отиде и тајно ја повика својата сестра Марија, велејќи: „Учителот е овде и те вика.“ Таа кога чу, стана бргу и отиде кај Него; зашто Исус уште не беше дошол во селото, туку беше на местото каде што Го пресретна Марта. А Јудејците, што беа со неа дома и ја тешеа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи дека ќе оди на гробот за таму да плаче. Марија, пак, кога дојде ка­де што беше Исус и кога Го виде, падна пред Неговите нозе, велејќи Му: „Господи, да беше тука, немаше да умре брат ми!“ Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи во духот и се вознемири, па рече: „Каде сте го положиле?“ Му рекоа: „Господи, дојди и види!“ Исус просолзи. Тогаш Јудејците рекоа: „Гледај, колку го љубел!“ А некои од нив, велеа: „Не мо­жеше ли Овој, што ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?“ А Исус, сѐ уште нажален во Себе, дојде до гробот; тоа беше пештера и ка­мен навален на неа. Исус рече: „Кренете го каменот!“ Марта, сестрата на умрениот, Му рече: „Господи, мириса веќе; има четири дена откако е умрен!“ Исус ѝ рече: „Не ли ти реков дека ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава?“ Тогаш го кренаа каменот каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите нагоре и рече: „Оче, Ти благода­рам што Ме послуша. Јас знаев дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народот што стои наоколу, за да поверуваат де­ка Ти си Ме пратил.“ Кога го рече ова, извика со силен глас: „Лазаре, излези надвор!“ Умрениот излезе, обвиткан со погребни повои по нозете и по рацете; а лицето завиено со крпа. Исус им рече: „Разврзете го и оставете го да оди!“ Тогаш мнозина од Јудејците, што беа дошле кај Марија и видоа што на­прави Исус, поверуваа во Него. А некои од нив отидоа кај фарисеите и им кажаа што направи Исус. Тогаш првосвештениците и фарисеите го собраа Синедрионот и рекоа: „Што да правиме? Овој Човек прави многу чуда. Ако Го оставиме така, сите ќе по­ве­руваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ги одземат и земјата и на­ро­дот.“ Еден, пак, од нив, Кајафа, кој таа година беше првосвештеник, им рече: „Вие ништо не знаете, ниту разбирате дека за нас е подобро еден човек да умре за народот, отколку сиот народ да пропадне.“ Но ова не го рече сам од себе, ту­ку, бидејќи беше првосвештеник таа го­дина, прорече дека Исус ќе умре за народот; и не само за народот, туку и за да ги соедини растурените Божји чеда. Од тој ден се согласија да Го убијат. Поради тоа Исус веќе не одеше јав­но меѓу Јудејците, туку оттаму отиде во еден крај близу пустината, во градот на­речен Ефрем, и таму се задржа со Своите уче­ници. А се наближуваше јудејската Пасха и мнозина од тој крај отидоа во Ерусалим пред Пасха, за да се очистат. Тогаш Го бараа Исус и, стоејќи во храмот, си разговараа меѓу себе: „Што мислите? Зар нема да дојде на празни­кот?“ А првосвештениците и фарисеите веќе беа издале заповед, ако некој дознае каде е, да јави, за да Го фатат. На шест дена пред Пасха, дојде Исус во Витанија, каде што бе­ше умрениот Лазар, кого го воскресна од мртвите. Таму Му приготвија вечера и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа со Него на трпезата. Тогаш Марија, земајќи литар чисто, скапоце­но миро, ги помаза Ису­совите нозе и со својата коса ги избриша Неговите нозе­; и куќата се исполни со мирис од мирото. А еден од Неговите ученици, Јуда Си­монов Искариотски, којшто сакаше да Го пре­даде, рече: „Зошто мирово не се продаде за триста денарии, та да се раздадеше на сиромаси?“ Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она што пуштаа во него. А Исус рече: „Оставете ја! Таа го чувала тоа за денот на Мојот погреб. Сиромасите секогаш ги имате со себе, а Мене Ме немате секогаш.“ Тогаш големо мноштво од Јудејците разбраа дека Исус е таму, па дојдоа не само заради Исус, туку да го видат и Лазар, кого Тој го воскресна од мртвите. А првосвештениците се договорија да го убијат и Лазар, зашто мнозина од Јудејците доаѓаа поради него и веруваа во Исус. Утредента мноштво луѓе, кои беа дошле на празникот, штом чуја де­ка Исус доаѓа во Ерусалим, зедоа палмови гранчиња, и Му излегоа во пресрет, извикувајќи: „Оса­на! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово, Царот Израилев!“ А Исус, наоѓајќи младо магаре, седна на него, како што е напишано: „Не плаши се, ќерко Сионова! Еве, твојот Цар доаѓа, седејќи на прле.“ Но на почетокот Неговите ученици не го раз­браа ова. А кога се прослави Исус, тогаш се сетија дека тоа беше напишано за Него и дека тоа Му го направија. Народот, што беше со Него кога Тој го извика Лазар од гробот и го вос­кресна од мртвите, сведочеше. Затоа и народот Го пречека, зашто беа чуле дека Тој го направи тоа чудо. А фарисеите си велеа меѓу себе: „Гледате ли дека ништо не помага? Ете, светот тргна по Него!“ Меѓу дојдените за празникот на поклонение имаше и некои Елини. Тие пристапија кон Филип, кој беше од Витсаида Галилејска, и го молеа, ве­лејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исус.“ Дојде Филип и му кажа на Андреј, а Андреј и Филип Му кажаа на Исус. Исус, пак, им одговори, велејќи: „Дојде часот да се прослави Синот Чо­вечки. Вистина, вистина ви велам: ако пченичното зрно, што паднало на земја, не умре – останува само; а ако умре – многу род носи. Оној што го сака својот живот, ќе го загуби; а оној што го мрази својот живот на овој свет, ќе го запази за вечен живот. Ако некој Ми служи Мене, нека врви по Мене; и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот служител. И ако некој Ми служи Мене, него ќе го почитува Отецот. Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но заради тоа дојдов во овој час. Оче, прослави го Своето име!“ То­гаш дојде глас од небото: „Го прославив, и пак ќе го прославам.“ А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: „Загрми!“, други, пак, ре­коа: „Ангел Му зборуваше!“ Исус одговори и рече: „Овој глас не беше заради Мене, туку заради вас. Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Се­бе.“ А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре. Народот Му одговори: „Од Законот сме слу­ша­ле дека Христос ќе остане довека, а како Ти велиш дека Синот Чо­вечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?“ Тогаш Исус им рече: „Уште малку време Светлината е со вас; одете додека ја имате Светлината, за да не ве опфати темнина; а оној што оди во темнината, не знае каде оди. Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината!“ Штом го рече тоа, Исус си замина и се сокри од нив. И покрај толкуте чудесни знаци, што ги беше направил пред нив, тие не веруваа во Него, за да се исполни словото од пророкот Исаија, којшто рече: „Господи, кој ли поверува во она што го слушна од нас? И раката Господова кому му се откри?“ Тие затоа не можеа да поверуваат, зашто Исаија уште вели: „Ги ослепи нивните очи и ги скамени нивните срца, та со очите да не гледаат и со срцето да не разбираат и да не се обратат за да ги исцелам.“ Ова Исаија го рече зашто ја беше видел Неговата слава и зборувал за Не­го. Но, сепак, дури и од началниците мнозина по­веруваа во Него, само не признаваа заради фарисеите, за да не бидат исклучени од синагогата; зашто ја засакаа човечката слава повеќе од славата Божја. А Исус гласно извика: „Оној што верува во Мене, не верува во Мене, ту­ку во Оној што Ме пратил, кој Ме гледа Мене, Го гледа Оној што Ме пратил. Јас – Светлината – дојдов во светот, та никој што верува во Мене да не остане во темнина. И ако некој ги чуе Моите зборови и не поверува, Јас нема да го судам, заш­то не дојдов за да го судам светот, туку за да го спасам светот. Има кој да го суди оној што се откажува од Мене и не ги прима Моите зборови – словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден. Зашто Јас Сам од Себе не зборував; туку Отецот, што Ме прати, Тој Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам. И знам дека Неговата заповед е вечен жи­вот. И така, она што Јас го зборувам, го зборувам онака како што Ми рече Отецот.“ А пред празникот Пасха, Исус знаеше дека Му дојде часот за да премине од овој свет кај Отецот и, бидејќи ги возљуби Своите во светот, до крај ги возљуби. А за време на вечерата, ѓаволот веќе беше вметнал во срцето на Јуда Симонов Искариотски да Го предаде. Исус, знаејќи дека Отецот сѐ Му предал во рацете и дека од Бога излегол и дека кај Бога се враќа, стана од вечерата, ја соблече Својата горна облека, зеде крпа и се препаша; потоа истури вода во леѓен и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата со којашто беше препашан. Тогаш дојде кај Симон Петар, а тој Му рече: „Господи, зар Ти нозете да ми ги миеш?“ Исус му одговори и рече: „Јас што правам, ти сега не знаеш, но подоцна ќе разбереш.“ Петар Му рече: „Никогаш Ти нема да ми ги миеш нозете!“ Исус му одгово­ри: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене!“ Симон Петар Му рече: „Господи, то­гаш не само моите нозе, туку и рацете и главата!“ Исус рече: „Измиениот не треба ништо да мие, освен нозете, заш­то целиот е чист, а вие сте чисти, но не сите.“ Бидејќи знаеше кој ќе Го пре­да­де, па затоа и рече: „Не сте сите чисти.“ А кога им ги изми нозете и ја зеде Својата горна облека, повторно седна, па им рече: „Знаете ли што ви направив? Вие Ме нарекувате Учител и Гос­под; и право велите, бидејќи тоа сум. Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте дол­жни еден на друг да си ги миете нозете. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас. Вистина, вистина ви велам: слугата не е поголем од својот господар, ниту пратеникот е поголем од оној што го пра­тил. Кога го знаете ова, блажени сте ако го извршувате. Не зборувам за сите вас, заш­то Јас ги знам оние што ги избрав; но нека се исполни Писмото: ’Оној што со Мене го јаде лебот, тој ја подигна својата пета против Мене.‘ Ви кажувам отсега, пред да се случи тоа, та кога ќе се изврши, да по­ве­рувате дека Јас сум. Вистина, вистина ви велам: тој што го прима оној што ќе го пратам, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме прати.“ Штом го рече ова, Исус се вознемири во духот, посведочи и рече: „Вистина, вистина ви велам дека еден од вас ќе Ме предаде.“ Тогаш учениците почнаа да се пог­леднуваат еден со друг, не разбирајќи за кого зборува. А еден од учениците, кого Исус го љубеше, се беше навалил на Исусовите гради. Нему Симон Петар му даде знак да праша кој е тој за кого гово­ри. Тој, пак, се навали на Исусовите гради и Му рече: „Господи, кој е?“ Исус одговори: „Тоа е оној кому Јас ќе му натопам залак и ќе му го пода­дам.“ И кога натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариотски. И тогаш, по залакот, сатаната влезе во него. А Исус му рече: „Тоа што го пра­виш, направи го побргу!“ А никој од оние што седеа на трпе­зата не разбраа зошто му го рече тоа. Но бидејќи Јуда го чуваше ковче­жето, некои помислија дека Исус му ре­че: „Купи го она што ни е потребно за празникот!“ или да даде нешто на сиромасите. А тој, штом го зеде залакот, веднаш излезе. А беше ноќ. Кога тој излезе, Исус рече: „Сега се прослави Синот Човечки и Бог се прос­лави во Него. Ако Бог се прослави во Него, и Не­го Бог ќе Го прослави во Себе, и веднаш ќе Го прослави. Чеда, уште малку сум со вас. Ќе Ме барате и, како што им реков на Ју­деј­ци­те, така и вам сега ви велам дека каде што одам Јас вие не мо­же­те да дојдете. Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа сите ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу се­бе.“ Симон Петар Му рече: „Господи, каде одиш?“ Исус му одговори: „Каде што одам Јас, ти сега не можеш да Ме следиш, но подоцна ќе Ме следиш.“ Петар Му рече: „Господи, зошто не можам да Те следам сега? Својот живот ќе го положам за Тебе!“ Исус му одговори: „Животот ли ќе го положиш за Мене? Вистина, вистина ти велам: нема петел да запее, додека трипати не се одречеш од Мене!“ „Да не се вознемирува вашето срце; верувајте во Бога и во Мене ве­рувајте. Во домот на Мојот Отец има многу живеалишта. А да немаше, зар ќе ви речев: ’Одам да ви приготвам место‘? И ако заминам да ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас. А каде одам Јас, знаете, и патот го знаете.“ Тома Му рече: „Господи, не знаеме каде одиш; и како можеме патот да го знаеме?“ Исус му рече: „Јас сум Патот, Вис­тината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене. Ако Ме бевте познавале, ќе Го поз­на­вавте и Мојот Отец. А отсега Го познавате и сте Го виделе.“ Филип Му рече: „Господи, покажи ни Го Отецот и доволно ни е!“ Му одговори Исус: „Толку време сум со вас, и зар не си Ме познал, Фи­липе? Оној што Ме видел Мене, Го видел Отецот, па како ти велиш: ’Покажи ни Го Отецот?‘ Не веруваш ли дека Јас сум во Оте­цот, и дека Отецот е во Мене? Збо­ро­ви­те што ви ги кажувам, не ги зборувам од Себе; туку Отецот, Кој е во Мене, ги врши Своите делата. Верувајте Ми дека Јас сум во Оте­цот и Отецот е во Мене; ако, пак, не, поради самите дела верувајте Ми. Вистина, вистина ви велам: оној што ве­рува во Мене и самиот ќе ги прави делата што ги правам Јас, и поголеми од нив ќе прави; зашто Јас одам кај Својот Отец; и што и да посакате во Мое име, ќе ви го исполнам, за да се прослави Отецот во Синот. Ако нешто Ми побарате во Мое име, Јас ќе го направам.“ „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди. И Јас ќе Го помолам Отецот и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека – Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го гледа, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде. Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам кај вас. Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете. Во оној ден вие ќе разберете дека Јас сум во Мојот Отец, и вие сте во Ме­не, и Јас во вас. Оној што ги има Моите заповеди и ги па­зи, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љу­би Мене, ќе биде возљубен од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам и Самиот ќе му се обја­вам.“ Му рече Јуда, не Искариотски: „Гос­по­ди, зошто сакаш нам да ни се објавиш, а не на светот?“ Исус одговори и му рече: „Ако не­кој Ме љуби, ќе го пази Моето слово; и Мојот Отец ќе го возљуби, и при него ќе дојдеме и кај него живеалиште ќе направиме. Оној што не Ме љуби, не ги пази Моите сло­ва; а словото што го слушате, не е Мое, туку на Отецот што Ме прати. Ова ви го реков, додека сум со вас. А Утешителот, пак, Светиот Дух, Кого Отецот ќе Го испрати во Мое име, Тој ќе ве научи на сѐ и ќе ве потсети за сѐ што ви реков. Мир ви оставам; Својот мир ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот. Да не се вознемирува вашето срце, ниту да стравува. Чувте дека Јас ви реков: ’Зами­ну­вам од вас и пак ќе дојдам кај вас.‘ Да Ме љубевте, ќе се зарадувавте што реков: одам кај Отецот, зашто Мојот Отец е поголем од Мене. И сега ви кажав, уште пред да се случи, та кога ќе се случи, да пове­рувате. Нема веќе многу да зборувам со вас, зашто доаѓа кнезот на светот и тој нема ништо во Мене. Но нека разбере светот дека Го љубам Отецот и како што Ми заповеда Отецот, така правам. Станете, да си оди­ме одовде!“ „Јас сум вистинската лоза, а Мојот Отец е лозарот. Секоја прачка во Мене, што не дава род, Тој ја отсекува; и секоја, што дава род, ја очистува, за да донесе повеќе род. Вие сте веќе чисти преку словото што сум ви го проповедал. Останете во Мене и Јас ќе останам во вас. Како што прачката не може да носи ро­д сама од себе, ако не остане на лозата, така ни вие не можете, ако не останете во Мене. Јас сум лозата, а вие прачките; и оној што останува во Мене и Јас сум во него, тој дава многу род; зашто без Мене не можете да правите ништо. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачка, и ќе се исуши; а таквите ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат и ќе изгорат. Ако останете во Мене и зборовите Мои останат во вас, тогаш барајте што и да посакате, и ќе ви биде дадено. Со ова се прославува Мојот Отец: да носите многу род и да бидете Мои уче­ници. Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас. Останете во Мојата љубов! Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во Мојата љубов; како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во Неговата љубов. Ова ви го реков за Мојата радост да остане во вас и вашата радост да биде потполна. Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи некој својата душа за своите пријатели. Вие сте Ми пријатели ако го правите она што Јас ви го заповедам. Веќе не ве нарекувам слуги, зашто слугата не знае што прави неговиот господар; туку ве нареков пријатели, бидејќи ви кажав сѐ што чув од Мојот Отец. Вие не Ме избравте Мене, туку Јас ве избрав вас и ве поставив, за да одите и род да принесете и вашиот род да остане, та што и да посакате од Отецот во Мое име, да ви даде. Ова ви го заповедам: да се љу­бите еден со друг.“ „Ако светот ве мрази, знајте дека Мене уште пред вас Ме замрази. Да бевте од светот, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот ве мрази. Помнете ги зборовите што Јас ви ги реков: не е слугата поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазија, и вашите ќе ги запазат. Но сето ова ќе ви го прават поради Моето име, зашто не Го знаат Оној што Ме испрати. Да не бев дошол и да не им бев зборувал, грев не ќе имаа. Но се­га немаат изговор за својот грев. Оној што Мене ме мрази, Го мрази и Мо­јот Отец. Да не бев направил меѓу нив дела, какви што никој друг не направил, грев не ќе имаа; а сега и видоа и Ме замразија, и Мене и Мојот Отец. Но нека се исполни словото на­пи­ша­но во нивниот Закон дека Ме замразија без причина. А кога ќе дојде Утешителот, Кого Јас ќе ви Го испратам од Отецот, Ду­хот на Вистината, Кој излегува од Оте­цот, Тој ќе сведочи за Мене; а и вие ќе сведочите, бидејќи од по­четокот сте со Мене.“ „Ова ви го кажав за да не се соблазните. Ќе ве истеруваат од синагогите, па дури ќе настапи и време кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба. А тоа ќе го прават зашто не Го познаа ниту Отецот, ниту Мене. Но ова ви го зборував, та кога ќе дојде времето, да се сетите дека Јас сум ви го кажал; а од почетокот не ви го зборував ова, зашто бев со вас.“ „А сега одам кај Оној што Ме ис­пра­ти, и никој од вас не Ме праша: ’Каде одиш?‘ Но затоа што ви го кажав ова, срцето ви се исполни со тага. Но Јас вистината ви ја кажувам: по­добро за вас е Јас да отидам, зашто ако не отидам Јас, Утешителот нема да дојде кај вас; ако, пак, заминам, ќе Го пратам кај вас. И Тој, кога ќе дојде, ќе го разобличи светот за грев, и за правда и за суд: за грев – зашто не веруваат во Мене; за правда – зашто одам кај Својот Отец и веќе нема да Ме видите; а за суд – зашто кнезот на овој свет е осуден. Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите. А кога ќе дојде Тој, Духот на Вис­тината, ќе ве упати во сета вистина; но нема да зборува од Себе, туку ќе го говори она што ќе го чуе и ќе ве извести за она што доаѓа. Тој Мене ќе Ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви објави. Сѐ што има Отецот, Мое е; затоа и ви реков дека од Моето ќе земе и ќе ви објави.“ „Уште малку и нема да Ме гледате, и повторно уште малку и ќе Ме видите, зашто одам кај Отецот.“ Тогаш некои од Неговите ученици си рекоа меѓу себе: „Што е тоа што ни ве­ли: ’Уште малку и нема да Ме гледате, и повторно уште малку и ќе Ме видите?‘ и ’Јас си одам кај Отецот?‘“ И зборуваа: „Што е тоа, што ве­ли: ’Уште малку?‘ Не знаеме што зборува.“ Тогаш Исус разбра дека сакаат да Го пра­шаат, и им рече: „Затоа ли се пра­шу­ва­те меѓу себе, зашто реков: ’Уште малку, и нема да Ме гледате и повторно уште малку, и ќе Ме видите?‘ Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се радува; вие, пак, ќе бидете нажалени, но вашата жалост ќе се претвори во радост. Кога раѓа, жената има болки, зашто ѝ дошло нејзиното време; но штом ќе го роди детето, не ја помни маката, поради радоста што се родил човек на светот. Па така и вие сега имате болки; но повторно ќе ве видам, и ќе се зарадува вашето срце и вашата радост никој нема да ви ја одземе; и во тој ден нема ништо да Ме прашувате. Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви даде. Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде потполна вашата радост.“ „Ова во параболи ви го кажав; но доаѓа час кога веќе нема во параболи да ви зборувам, туку отворено ќе ве известам за Отецот. Во тој ден ќе побарате во Мое име, и не ви велам дека Јас ќе Го замолам Отецот за вас; бидејќи Отецот Самиот ве љуби, зашто вие Ме возљубивте и поверувавте дека Јас излегов од Бога. Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега повторно го оставам светот и одам кај Отецот.“ Неговите ученици Му рекоа: „Еве, сега отворено зборуваш и никаква па­рабола не кажуваш. Сега знаеме дека знаеш сѐ и немаш потреба никој да Те прашува. Поради тоа веруваме дека од Бога си излегол.“ Исус им одговори: „Сега ли верувате? Ете, доаѓа часот, и веќе дојде, да се разбегате секој кај своите, а Мене сам да Ме оставите; но не сум сам, бидејќи Отецот е со Мене. Ова ви го реков за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; но бидете смели, зашто Јас го победив светот.“ Исус го кажа ова, па ги подигна Своите очи кон небото и рече: „Оче, дојде часот; прослави Го Својот Син, за и Твојот Син да Те прослави, како што си Му дал власт над секое тело, та на сето она што си Му го дал, да му даде вечен живот. А ова е вечниот живот: да Те позна­ат Тебе, Единиот вистински Бог, и Исус Христос, Кого Ти Го испрати. Јас Те прославив на земјата; го извршив делото што си Ми го дал да го извршам. И сега прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе уште пред да настане светот. Го објавив Твоето име на луѓето што си Ми ги дал од светот; Твои беа, и Мене Ми ги даде, и го запазија Твоето слово. Сега разбраа дека сѐ што си Ми дал е од Тебе; зашто зборовите што си Ми ги дал им ги предадов, и тие ги примија, и вистински раз­браа дека од Тебе излегов и поверуваа дека Ти си Ме пратил. Јас за нив се молам; не се молам за светот, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои. И сѐ Мое е Твое, и Твоето – Мое, и се прославив во нив. И веќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас доаѓам кај Тебе. Оче свет, запази ги во Твоето име оние што си Ми ги дал, за да бидат едно, како Ние. Додека бев со нив во светот, Јас ги пазев во Твоето име; оние, што си Ми ги дал, ги зачував, и никој од нив не погина, освен синот на погибелта – за да се исполни Писмото. А сега доаѓам кај Тебе, и ова му го кажувам на светот за да ја имаат Мојата радост потполна во себе. Јас им го предадов Твоето слово; и светот ги замрази, зашто тие не се од светот, како и Јас што не сум од светот. Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото. Тие не се од светот, како и Јас што не сум од светот. Освети ги во Својата вистина; Твоето слово е вистина. Како што Ти Ме прати во светот, така и Јас ги пратив во светот. И за нив Јас се осветувам Себеси, та и тие да бидат осветени во вистината. Но не се молам само за нив, туку и за оние што преку нивните зборови ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно – та да поверува светот дека Ти си Ме пратил. И славата што си Ми ја дал, Јас им ја дадов ним, за да бидат едно, како што сме Ние едно. Јас сум во нив и Ти си во Мене, за да бидат совршени во едно, и да дознае светот дека Ти си Ме испратил, и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби. Оче, оние што си Ми ги дал, сакам и тие да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, зашто Ме возљуби уште пред создавањето на светот. Оче Праведен, светот не Те позна, но Јас Те познав; и овие познаа дека Ти си Ме пратил; и им го објавив Твоето име и ќе го објавувам, та љубовта со која Ти Ме воз­љуби, да биде во нив, и Јас во нив.“ Штом го рече ова, Исус отиде со Своите ученици преку пото­кот Кедрон, каде што имаше градина, и Тој влезе во неа со Своите ученици. А тоа место го знаеше и Јуда, кој Го предаде, зашто Исус често се собираше таму со Своите ученици. Тогаш Јуда, земајќи една чета војници и поданици на првосвештениците и на фарисеите, дојде таму со фенери, факли и оружје. А Исус, знаејќи сѐ што ќе стане со Него, излезе и им рече: „Кого барате?“ Му одговорија: „Исус Назареецот!“ Исус им рече: „Јас сум.“ Со нив стоеше и Јуда, кој Го предаде. А кога им рече: „Јас сум“ – тие се повлекоа назад и паднаа на земјата. Тогаш повторно ги праша: „Кого барате?“ А тие рекоа: „Исус Назареецот!“ Исус одговори: „Ви реков дека сум Јас; па, ако Ме барате Мене, оставете ги овие да си одат;“ за да се исполни словото што го кажа: „Од оние што си Ми ги дал, ниеден не загубив.“ А Симон Петар, којшто имаше нож, го извади, го удри слугата на првосвеш­те­никот и му го отсече десното уво. Име­то на слугата беше Малх. Исус, пак, му рече на Петар: „Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Оте­цот?“ Тогаш четата и заповедникот, и јудејските поданици, Го фатија Исус и Го врзаа. И Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник. А Кајафа беше оној што ги беше посоветувал Јудејците дека подобро е да умре еден човек за народот. По Исус одеа Симон Петар и еден друг ученик. Тој ученик му беше познат на првосвештеникот, па влезе со Исус во дворот на првосвештеникот. А Петар стоеше надвор, покрај вратата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, излезе, зборуваше со вратарката и го воведе Петар. Тогаш слугинката вратарка му рече на Петар: „Да не си и ти од учениците на Овој Човек?“ Тој рече: „Не сум.“ А слугите и поданиците беа за­па­ли­ле оган и стоеја, па се грееја, зашто бе­ше студено. А и Петар беше со нив, стоеше и се грееше. Првосвештеникот, пак, Го праша Исус за Неговите ученици и за Не­го­вото учење. Исус му одговори: „Јас јавно му зборував на светот; Јас секогаш поучував во синагогата и во храмот, каде што секогаш се собираат Јудејците, а тајно ништо не сум зборувал. Зошто Ме прашуваш Мене? Пра­шај ги оние коишто слушаа што им збо­рував; ете, тие знаат што велев Јас.“ А кога Тој го рече ова, еден од поданиците, што стоеше близу, Му удри шлаканица на Исус и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?“ Исус му одговори: „Ако реков неш­то лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме удираш?“ Тогаш Ана Го прати врзан кај првосвештеникот Кајафа. А Симон Петар стоеше и се гре­еше. И му рекоа: „Да не си и ти од Неговите уче­ници?“ Тој одрече, велејќи: „Не сум.“ Еден од слугите на првосвеште­ни­кот, што му беше роднина на оној кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Не те видов ли јас тебе во градината со Него?“ Тогаш Петар повторно одрече; и веднаш запеа петел. И Го поведоа Исус откај Кајафа во преторијата. А беше утро и тие не влегоа во преторијата, за да не се осквернат и да можат да ја јадат Пасхата. Тогаш излезе Пилат пред нив и ре­че: „Какво обвинение изнесувате против Овој Човек?“ Одговорија и му рекоа: „Ако Тој не беше злосторник, не би ти Го пре­дале!“ А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!“ Ју­деј­ците, пак, му рекоа: „Нам не ни е дозволено да погубуваме никого“, за да се исполни Исусовото слово, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре. Тогаш Пилат повторно влезе во преторијата, па Го повика Исус и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Ова ти самиот од себе го велиш или други ти кажаа за Ме­не?“ Пилат одговори: „Та јас, Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си напра­вил?“ Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет; ако Моето царство беше од овој свет, тогаш Моите поданици би се бореле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но, сега, Моето царство не е одовде.“ Тогаш Пилат Му рече: „Значи, Цар си?“ Исус одговори: „Ти велиш дека Јас сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да ја сведочам вистината; секој што е од вистината, го слуша Мојот глас.“ Пилат Го праша: „Што е вистина?“ И кога го рече ова, повторно излезе кај Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам ни­каква вина во Него. Но кај вас е обичај да ви ослободувам по еден за Пасха. Сакате ли да ви Го ослободам Царот Јудејски?“ Тогаш повторно повикаа сите, велејќи: „Не Овој, туку Варава.“ А Варава беше разбојник. Тогаш Пилат Го зеде Исус и Го предаде да Го камшикуваат. А војниците сплетоа венец од трње, Му го ставија на главата, Му нагрнаа пурпурна наметка, и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ – и Му удираа шлаканици. Пилат, пак, повторно излезе надвор и им рече: „Еве, ви Го изведувам надвор, за да раз­берете дека не наоѓам во Него никаква вина.“ Тогаш излезе Исус надвор, носејќи трнов венец и пурпурна наметка. И Пилат им рече: „Еве Го Човекот!“ А кога Го видоа првосвештениците и слугите, повикаа и рекоа: „Распни Го, распни!“ Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас во Него не наоѓам вина.“ Јудејците му одговорија: „Ние има­ме Закон и според нашиот Закон Тој треба да умре, зашто сам се направи Син Божји.“ Кога Пилат ги слушна овие зборови, уште повеќе се исплаши. И повторно влезе во преторијата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му даде одговор. Тогаш Пилат Му рече: „Мене ли не ми зборуваш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам и имам власт да Те пуш­там!?“ Исус одговори: „Ти не би имал ни­каква власт над Мене ако не ти беше дадена одозгора; затоа поголем грев има оној што Ме предаде на тебе.“ Оттогаш Пилат гледаше да Го пушти. Но Јудејците пак гласно викаа: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на цезарот. Секој што себеси се прави цар, противник му е на цезарот.“ Штом ги слушна овие зборови, Пилат Го изведе Исус надвор и седна на судскиот стол, на местото наречено Литос­тро­тон, а на еврејски Гавата. А беше петок пред Пасха, око­лу шестиот час; и им рече Пилат на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!“ А тие извикаа: „Земи, земи, распни Го!“ Пилат им рече: „Вашиот Цар ли да Го распнам?“ Првосвештениците одго­во­рија: „Немаме цар, освен це­за­рот.“ И тогаш им Го предаде за да биде распнат. И Го зедоа Исус и Го поведоа. И носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Черепно Место, а на еврејски Голгота; таму Го распнаа, а со Него и други двајца, од едната и од другата страна, а насреде – Исус. Пилат, пак, напиша и натпис и го постави на крстот. А беше напишано: „Исус Назареецот, царот на Јудејците.“ Овој натпис го читаа мнозина од Јудејците, бидејќи местото каде Исус беше распнат, беше блиску до гра­дот; а беше напишано на еврејски, грч­ки и латински. Јудејските првосвештеници, пак, му рекоа на Пилат: „Не пишувај: Царот на Јудејците, туку дека Тој рече: Јас сум Царот на Јудејците.“ Пилат одговори: „Што напишав, на­пишав.“ А војниците, кога Го распнаа Ису­с, ги зедоа Неговите алишта и ги раз­де­лија на четири дела, на секој војник по еден дел, и туниката. Туниката, пак, не бе­ше шиена, туку целосно исткаена, одозгора па до­долу. Тогаш си рекоа: „Да не ја раскинуваме, туку да фрлиме за неа ждрепка, чија да биде“ – за да се исполни кажаното во Писмото: „Ги разделија Моите алишта меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждрепка.“ Војниците така и направија. А покрај крстот Исусов стоеја мајка Му и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалина. А Исус, штом ја виде Мајка Си и ученикот кого го љубеше, како стои во близина, ѝ рече на мајка Си: „Жено, ете го твојот син!“ Потоа му рече на ученикот: „Ете ја твојата мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде кај себе. По ова, знаејќи дека сѐ е свр­шено, за да се исполни Писмото, Исус рече: „Жеден сум.“ Таму стоеше сад, полн со оцет. Тие натопија сунѓер со оцет, го за­ка­чија на трска и Му го принесоа до устата. Кога, пак, Исус вкуси од оцетот, рече: „Се сврши!“ И приклонувајќи ја наведна главата, го предаде духот. Бидејќи беше петок, за да не останат телата на крст во сабота, зашто велик ден беше таа сабота, Јудејците го замолија Пилат да им ги прекршат колената и да ги симнат. Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него. А кога дојдоа до Исус и Го видоа дека беше веќе умрен, не Му ги прекр­шија колената; туку еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и веднаш истече крв и вода. И оној што виде – посведочи, и вистинско е неговото све­доштво; и тој знае дека ја кажува вистината, за вие да поверувате. Бидејќи ова се случи за да се исполни Писмото: „Ниту една Негова коска нема да се скрши.“ И друго Писмо вели: „Ќе погледнат на Оној што Го прободоа.“ Потоа Јосиф од Ариматеја, којшто беше Исусов ученик, но во тајност, поради страв од Јудеј­ците, го замоли Пилат да го земе те­лото Исусово и Пилат му дозволи. Тој дојде и го зеде телото Исусово. А дојде и Никодим, кој порано беше отишол ноќе кај Исус, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој. Го зедоа Исусовото тело и го завит­каа во повои со мирисите, како што е обичај кај Јудејците да погребуваат. А на местото каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во којшто уште никој не беше положен. Таму Го положија Исус, бидејќи беше јудејскиот пе­ток, а гробот беше бли­ску. Во првиот ден од седмицата Марија Магдалина дојде на гробот рано, уште додека беше темно, и виде дека каменот од гробот е поместен. Па отрча и дојде кај Симон Пе­тар и кај другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го зеле Господа од гробот и не знам каде Го положиле.“ Тогаш Петар и другиот ученик излегоа и појдоа кон гробот. И обајцата трчаа заедно, но другиот ученик трчаше побргу од Петар и прв дојде кај гробот. И наведнувајќи се, ги виде повоите кај лежат, но не влезе. По него дојде Симон Петар, влезе во гробот и ги виде повоите кај лежат; а крпата, што Му беше на главата, не лежеше со повоите, туку од­делно свиткана на едно место. Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, и виде и поверува, зашто уште не го беа разбрале Писмото де­ка Тој треба да воскресне од мртвите. Тогаш учениците се вратија дома. А Марија стоеше кај гробот однадвор и плачеше. И како што плачеше, се наведна над гробот; и виде два ангела во бели облеки како седат, едниот кај главата, а други­от кај нозете, каде што беше лежело Исусовото те­ло. Тие ѝ рекоа: „Жено, зошто пла­чеш?“ Им одговори: „Го зеле мојот Гос­по­д и не знам каде Го положиле!“ И штом го рече ова, се заврте назад и Го виде Исус како стои; но не знаеше дека е Исус. Исус ѝ рече: „Жено, зошто плачеш? Кого бараш?“ Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: „Господине, ако си Го однел Ти, кажи ми каде си Го поло­жил, и јас ќе Го земам.“ Исус ѝ рече: „Марија!“ Таа се заврте и Му рече: „Равуни“ – што значи: „Учителе!“ Исус ѝ рече: „Не допирај се до Ме­не, зашто уште не сум се вратил кај Мо­јот Отец; туку отиди кај Моите браќа и кажи им: ’Се враќам кај Мојот Отец и вашиот Отец, кај Мојот Бог и вашиот Бог‘.“ Дојде Марија Магдалина и им кажа на учениците дека Го видела Господа и дека тоа ѝ го рекол. А вечерта во истиот ден, првиот од седмицата, кога вратата, каде што беа собрани Неговите ученици беше затворена поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: „Мир вам!“ И штом го рече ова, им ги покажа Своите раце и ребра. И учениците се зарадуваа кога Го ви­доа Господа. А Исус повторно им рече: „Мир вам! Ка­ко што Ме прати Отецот, и Јас ве праќам вас.“ И кога им го кажа ова, дувна и им рече: „Примете Го Светиот Дух! На оние на коишто ќе им ги простите гре­во­ви­те, ќе им се простат, а на оние на коишто ќе им ги задржите, ќе им се задржат.“ А Тома, еден од дванаесеттемина, наре­чен Близнак, не беше со нив кога дојде Исус. Другите ученици му рекоа: „Го ви­довме Господа!“ А тој им рече: „Ако не ги видам раните од клинците на Неговите ра­це, и не го ставам својот прст во раните од клинците, и не ја ставам својата рака во Неговите ребра, нема да поверувам!“ А по осум дена Неговите ученици пак беа собрани, и Тома беше со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана насреде нив и рече: „Мир вам!“ Потоа му рече на Тома: „Дај го својот прс­т овде и види ги Моите раце; дај ја својата рака и стави ја во Моите ребра; и не биди неверен, туку верен!“ Тома одговори и Му рече: „Господ мој и Бог мој!“ Исус му рече: „Ти поверува затоа што Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале.“ И уште многу други чуда направи Исус пред Своите ученици, што не се за­пи­шани во оваа книга. А овие се запишани за да поверува­те дека Исус е Христос, Синот Божји, та, верувајќи, да имате живот во Неговото име. Потоа Исус повторно им се покажа на Своите ученици кај Тиве­ри­јад­ското Море. А тоа се случи вака: беа заедно Симон Петар и Тома, наречен Близнак, Натанаил од Кана Галилејска, Зеведеевите синови и двајца други од Неговите ученици. Симон Петар им рече: „Одам да ловам риба.“ Му рекоа: „И ние ќе дој­де­ме со тебе.“ Тогаш излегоа и веднаш влегоа во кораб, но таа ноќ ништо не уловија. А кога се раздени, Исус застана на брегот, но, сепак, учениците не Го познаа дека е Исус. Тогаш Исус им рече: „Чеда, имате ли неш­то за јадење?“ Му одговорија: „Не.“ А Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на коработ и ќе нај­де­те!“ Тие ја фрлија, и веќе не можеа да ја из­влечат од многуте риби. Ученикот, пак, кого Исус го љубеше, му рече на Петар: „Господ е!“ А Симон Петар, штом чу дека е Гос­под, си ја препаша облеката – зашто бе­ше разголен, и се фрли во морето. А другите ученици, влечејќи ја мре­жата со риби, дојдоа со коработ, зашто не беа далеку од брегот, но само околу двесте лакти. Кога, пак, излегоа на брегот, видоа запален оган, и на него ставена риба, и леб. Исус им рече: „Донесете од рибите што ги уловивте сега!“ А Симон Петар влезе и ја извлече мрежата на брегот, полна со големи ри­би – сто педесет и три на број; и макар што беа толку многу, мрежата не се скина. Исус им рече: „Дојдете, јадете!“ И ниту еден од учениците не се осмелуваше да Го праша: „Кој си Ти?“, зашто гледаа дека е Господ. Тогаш Исус пријде, го зеде лебот и им го даде, исто така и рибата. Ова беше веќе третпат како Исус им се покажа на Своите ученици, откако воскресна од мртвите. А кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне Јо­нин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?“ Петар Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги Моите јагниња!“ Го праша уште еднаш, по вторпат: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?“ Петар Му кажа: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги Моите овци!“ И по третпат му рече: „Симоне Јо­нин, Ме љубиш ли?“ Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме љубиш ли?“ И Му рече: „Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те љубам.“ Исус му рече: „Паси ги Моите овци! Вистина, вистина ти велам: кога бе­ше помлад, сам се препашуваше и оде­ше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш своите раце, и друг ќе те препаша и поведе каде што несакаш.“ А ова го рече за да покаже со каква смрт ќе Го прослави Бога. И штом го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!“ А Петар, обѕрнувајќи се, виде дека по нив оди ученикот кого Исус го љубеше и кој на вечерата се беше на­ва­лил на Неговите гради и беше прашал: „Господи, кој е оној што ќе Те предаде?“ И откако Петар го виде него, Му рече на Исус: „Господи, а што ќе биде со овој?“ Исус му рече: „Ако сакам тој да ос­тане додека да дојдам, што те засега тебе? Ти врви по Мене!“ И се пренесе овој збор меѓу браќата дека тој ученик нема да умре. Но Исус не му рече дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане додека дојдам, што те засега тебе?“ Тој е ученикот што сведочи за овие нешта и што го напиша ова; и знаеме дека вистинско е неговото сведоштво. А има и многу други работи што ги направи Исус и коишто, кога би се напишале по ред, ми се чини дека ни целиот свет не би ги собрал напишаните книги. Амин! Првата книга, Теофиле, ја напишав за сѐ она што Исус го правеше и поучуваше, од почетокот, па сѐ до денот кога се вознесе, от­ка­ко преку Светиот Дух им даде заповеди на апостолите што ги беше избрал. Ним по Своето страдање им се прет­ста­ви жив, со многу верни докази, јавувај­ќи им се четириесет дена и зборувајќи им за царството Божјо. Еднаш кога беа собрани заедно, Тој им заповеда: „Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот што го чувте од Мене: Јован крштеваше со вода, а вие, не по многу денови од денес, ќе бидете крс­те­ни со Светиот Дух.“ Тогаш, оние што беа собрани, Го прашаа велејќи: „Господи, сега ли ќе го вос­тановиш Из­ра­иле­вото царство?“ А Тој им одговори: „Не е ваше да ги знаете годините или времињата што Оте­цот ги поставил во Своја власт; но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете све­до­ци во Ерусалим и во цела Јудеја и Са­марија, и сѐ до крајот на земјата.“ И штом го рече тоа, додека тие Го гледаа, Тој се подигна, и облак Го зе­де од пред нивните очи. И како што гледаа кон небото додека Тој се вознесуваше, ете, пред нив застанаа двајца мажи во бела облека, и рекоа: „Луѓе Галилејци, што сто­ите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видов­те дека оди на небото.“ Тогаш тие се вратија во Ерусалим од гората, наречена Маслинова, која се наоѓа близу до Ерусалим, колку еден саботен ден одење. И кога дојдоа, се искачија во горната соба, каде што престојуваа Петар и Јаков, Јован и Андреј, Филип и Тома, Вартоломеј и Матеј, Јаков Алфеев и Симон Зилот и Јуда Јаковов. Тие сите еднодушно беа во постојана молитва и молење заедно со некои жени и со Марија, мајката на Исус, и со Неговите браќа. И во тие денови Петар стана меѓу бра­ќата, а се беа собрале околу сто и дваесет души, и рече: „Браќа, требаше да се исполни напишаното што Светиот Дух, преку устата на Да­ви­д, го беше претска­жал за Јуда, водачот на оние што Го фа­тија Исус, зашто тој беше вброен меѓу нас и беше примил дел од оваа служба. Но тој од неправедната плата стекна нива и, откако се струполи, се расцепи по средината и се истури целата негова утроба. И тоа им стана познато на сите жители во Ерусалим, така што таа нива на нивниот јазик се нарече Акелдама, што значи ’крвна нива‘. Зашто во книгата на Псалмите е напишано: ’Нека запусти неговиот дом, и никој да не живее во него, неговата служба друг да ја прими.‘ И така, еден од оние луѓе што беа со нас за сето време, откако дојде и си замина од нас Господ Исус, почнувајќи од Јовановото крштевање па до денот кога се вознесе од нас, треба, заедно со нас, да биде сведок на Неговото воскресение.“ И така, определија двајца: Јосиф, наречен Варсава, а викан и Јуст, и Матиј; потоа се помолија и рекоа: „Ти, Господи, Кој ги познаваш срцата на си­те, покажи од овие двајца еден, кого си го избрал, за да прими дел од оваа служба и од апостолството од кое отпадна Јуда, за да си отиде на своето место.“ И фрлија ждрепка за нив, и ждрепката падна на Матиј; и тој се вброи кон единаесетте апостоли. Кога дојде денот Педесетница, сите беа еднодушни и собрани на едно место. Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како кога дува силен ветар, и ја исполни целата куќа во која седеа. И им се појавија јазици како од оган, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив. И сите се исполнија со Светиот Дух, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што Духот им даваше да изговараат. А во Ерусалим имаше Јудејци, благочестиви луѓе, од секој народ под не­бото. Кога настана тој звук, народот се насобра и се вознемири, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот јазик. И сите беа восхитени и се чудеа, велејќи си меѓу себе: „Ете, овие што зборуваат, зар не се сите Галилејци? Па како тогаш секој од нас го слуша својот мајчин јазик? Партјани, Мидијци, Еламити и жите­лите од Месопотамија, Јудеја и Капа­до­кија, од Понт и Азија, од Фригија, и Памфилија, од Египет и од краиштата на Либија покрај Киринеја, па и посетителите од Рим – Јудеи и прозелити, Критјани и Арапи, еве слушаме како тие на нашите јазици зборуваат за го­лемите Божји дела?“ Сите се чудеа и во недоумица си зборуваа еден со друг: „Што ли значи ова?“ А други, потсмевајќи се, велеа: „Се напиле со слатко вино!“ Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна својот глас и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Еру­салим, знајте го ова и внимателно слушнете ги моите зборови; овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот; но ова е претскажаното преку пророкот Јоил: ’И ете во последните денови, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат вашите синови и ќер­ки­, и вашите млади ќе имаат ви­денија и вашите старци ќе сонуваат со­ништа. Па дури и врз Моите слуги и слугинки во тие денови ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат. И ќе покажам чуда горе на небото и знаци долу на земјата – крв, оган и облаци чад. Сонцето ќе се претвори во темнина, а месечината во крв, пред да настапи великиот и славен ден Гос­по­дов. И тогаш, секој што ќе го повика името Господово, ќе се спаси.‘ Луѓе Израилци, слушнете ги овие зборови: Исус Назареецот, Човекот пос­ве­дочен пред вас од Бога со дела, чу­де­са и знаци, кои, како што и сами знаете, Бог преку Него ги направи меѓу вас, беше предаден според определениот Божји план и предзнаење, а вие Го распнавте преку рацете на беззакониците и Го убивте. Но Бог Го воскресна, ос­лободувајќи Го од смртните маки, бидејќи не беше можно смртта да Го задржи. Зашто Давид за Него вели: ’Се­ко­гаш Го гледав Господ пред себе. Зашто Тој е од мојата десна страна, за да не се по­местам. Затоа се развесели моето срце и се зарадува мојот јазик; па дури и моето тело ќе почива во надеж; зашто нема да ја оставиш мојата ду­ша­ во адот, ниту, пак, ќе дозволиш Твојот праведник да види распаѓање. Ти си ми ги покажал патиштата на животот; Ти ќе ме исполниш со веселба преку Твоето лице.‘ Браќа, можам слободно да ви зборувам за прататкото Давид, дека тој умре и беше погребан, а неговиот гроб е меѓу нас сѐ до овој ден. А, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог му беше ветил со заклетва де­ка од плодот на не­го­вите бедра ќе Го подигне Христос по тело и ќе Го постави на Својот престол, го предвиде ова и кажа за воскресението на Христос дека ниту Неговата душа ќе биде оставена во адот, ниту Неговото тело ќе види распаѓање. Бог Го воскресна Овој Исус. За тоа сите ние сме сведоци. И затоа, Тој, откако беше воздигнат оддесно на Бога и го прими од Оте­цот ветувањето на Светиот Дух, го излеа ова што сега вие го гледате и го слушате. Зашто Давид не се вознесе на небесата, туку самиот вели: ’Му рече Господ на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна, додека не ги поставам Твоите неприја­те­ли­ за подножје на Твоите нозе.‘ И затоа, нека знае со сигурност си­от Израилев дом дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Гос­под и Христос.“ Кога го слушнаа тоа, им се растре­перија срцата, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Браќа, што да направиме?“ А Петар им рече: „Покајте се и се­кој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и тогаш ќе го примите дарот на Светиот Дух. Зашто ветувањето ви припаѓа вам и на вашите чеда и на сите што се да­ле­ку, а кои ќе ги повика Господ, нашиот Бог.“ И со многу други зборови све­до­че­ше и ги молеше, велејќи: „Спасувајте се од ова изопачено поколение!“ И така оние што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се при­соединија во тој ден околу три илјади души. И беа истрајни во учењето на апос­то­лите, во заедништвото, во пре­кршувањето на лебот и во молитвите. И страв ја обзеде секоја душа, заш­то многу чуда и знаци се вршеа преку апостолите. А сите што веруваа, беа заедно и сѐ им беше заедничко. Тие ги продаваа имотите и сопственоста и на секого му раздаваа колку што му беше потребно. И секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, прекршувајќи леб по ку­ќи­те, се хранеа со радост и со чисто срце, Го фалеа Бога и стекнуваа благо­нак­лонетост кај целиот народ. А Господ се­кој ден ги присоединуваше кон Црквата оние кои се спасуваа. Еден ден Петар и Јован отидоа во храмот во деветтиот час, часот за молитва. Таму имаше еден човек, куц уште од раѓање. Него го носеа секој ден и го поставуваа пред вратата на храмот на­речена Прекрасна, за да проси милостина од оние што влегуваа во храмот. Кога ги здогледа Петар и Јован кои сакаа да влезат во храмот, тој запроси милостина и од нив. А Петар, заедно со Јован, го впери погледот во него и му рече: „Погледни нѐ!“ И тој ги гледаше внимателно, очекувајќи да добие нешто од нив. Но Петар рече: „Јас немам сребро и злато, но тоа што имам, тоа ти давам: во името на Исус Христос од Назарет ста­ни и оди!“ И фаќајќи го за десната рака, го исправи, а нему во истиот миг му се зац­врс­наа стапалата и глуждовите. И потскокнувајќи, се исправи и почна да оди, и влезе во храмот заедно со нив, одејќи, скокајќи и фалејќи Го Бога. И сиот народ го гледаше како оди и како Го фали Бога. Луѓето го познаа дека тој беше оној истиот што поради ми­лос­тина седеше пред Прекрасната порта на храмот; и се зачудија и се исполнија со восхит за она што се случи со него. И бидејќи оздравениот куц човек цврсто се држеше за Петар и Јован, сиот народ вчудовиден дотрча кон нив во тремот, наречен Соломонов. А Петар, штом го виде тоа, му се обрати на народот: „Луѓе Израилци, што се чу­дите на ова, и што сте се загледале во нас, како со своја сила или благочестие да направивме овој да прооди? Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на нашите татковци Го прослави Својот Син Исус, Кого вие Го пре­да­дов­те и од Кого се одрековте пред лицето на Пилат, кога тој реши да Го пушти. Но вие се одрековте од Светиот и Праведниот и побаравте да ви се ослободи човек убиец, а Го убивте Началникот на животот, Кого Бог Го воскресна од мртвите, за што ние сме сведоци. И поради верата во Неговото име, го утврди овој кого вие го гледате и познавате; и верата што доаѓа преку Него му даде нему исцеление пред сите вас. А сега, браќа, знам дека вие тоа го направивте од незнаење како и вашите началници. Но, Бог, она што однапред го навести преку устата на сите Свои пророци, односно дека Христос ќе пострада, тоа и го исполни. Затоа покајте се и преобратете се, за да се очистите од вашите гревови, за да дојдат од лицето на Господ времиња за освежување и Тој да ви Го прати претходно определениот за вас Христос Исус, Кого небото треба да Го прими до она време, кога ќе се воспостави сѐ што беше рекол Бог од памтивек преку устата на сите Свои пророци. Зашто Мојсеј им беше рекол на тат­ков­ците: ’Господ вашиот Бог од вашите браќа ќе ви издигне Пророк како мене; Него послушајте го за сѐ што ќе ви рече!‘ И секој што нема да Го послуша тој Пророк, ќе биде истребен од народот. И сите пророци, од Самоил и по него, кога зборуваа, исто така ги навестуваа и овие денови. Вие сте синови на пророците и на заветот што Бог го склучи со вашите татковци, велејќи му на Авраам: ’Во твоето потомство ќе бидат бла­гословени сите народи на земјата.‘ Бог, откако Го воздигна Својот Син, најнапред вам ви Го прати за да ве благослови, та секој од вас да се од­врати од своите зли дела.“ И додека тие му зборуваа на народот, пристапија кон нив свеш­тениците, заповедникот на храмовата стража и са­дукеите, огорчени што тие го поучуваат на­родот и возвестуваат воскресение на мрт­вите во името на Исус; и ги фатија и ги задржаа под стража до утрината; зашто веќе се беше завечерило. А мнозина од оние што го слушаа словото, поверуваа; бројот на тие луѓе беше околу пет илјади. Утредента се собраа во Ерусалим нивните началници, старешините и книжниците, првосвештеникот Ана и Кајафа, Јо­ван, Александар и сите што му при­па­ѓаа на првосвештеничкиот род. Откако ги поставија во средината, ги прашаа: „Со каква сила и во чие име го направивте ова?“ Тогаш Петар, исполнет со Светиот Дух, им рече: „Началници народни и ста­решини израилски, ако денес нѐ испитувате за доброто дело, што му го направивме на болниот човек, за тоа како тој е излекуван, тогаш нека ви биде познато на сите вас и на сиот израилски народ, дека овој стои здрав пред вас во името на Исус Христос од Назарет, Кого вие Го рас­пнавте, Кого Бог Го воскресна од мрт­ви­те. Тој е каменот што од вас ѕи­да­ри­те беше отфрлен, Кој стана камен те­мелник; и во никој друг нема спасение: зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме.“ А кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, и разбирајќи дека тоа се неуки и прости луѓе, тие се чудеа; а и ги препознаа дека беа со Исус. Но, гледајќи го излечениот човек кој стоеше со нив, тие немаа како да им противречат. Па откако им заповедаа да излезат надвор од Синедрионот, се со­ветува помеѓу себе, велејќи: „Што да правиме со овие луѓе? Зашто на сите што живеат во Ерусалим им е познато дека големо чудо се случи преку нив, и ние не мо­жеме тоа да го одречеме. Но за повеќе да не се разгласува ова меѓу на­родот, строго да ги зап­ла­шиме веќе никому да не зборуваат во тоа име.“ И кога ги повикаа, им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту да поучуваат во името на Исус. Но Петар и Јован им одговорија и рекоа: „Расудете дали е справедливо пред Бога повеќе да ве слушаме вас отколку Бога; зашто ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле.“ А тие, откако одново ги зап­ла­шија, ги пуштија, бидејќи не најдоа начин за да ги казнат, поради народот; заш­то сите Го прославуваа Бога за она што се беше случило. Човекот, пак, над кого се случи тоа чудесно исцеление, имаше повеќе од че­тириесет години. И кога ги пуштија, тие отидоа кај своите и ги известија што им рекоа прво­свештениците и старешините. А овие, откако слушнаа, едно­душ­но го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: „Владико, Ти си Бог Кој ги создал небото и земјата, и морето и сѐ што е во нив; и Кој преку Светиот Дух и преку устата на нашиот татко Давид, Твојот слуга, си рекол: ’Зошто беснеат многубошците и народите намислуваат празни работи? Се кренаа земните цареви и кнезо­вите се собраа заедно против Господ и против Неговиот Помазаник ‘. Бидејќи навистина, во тој град се здружија Ирод и Понтиј Пилат заедно со незнабошците и со израилскиот народ против Твојот Свет Син Исус, Кого Ти си Го помазал, за да го направат она што Твојата рака и Твојата волја го беа предопределиле да се случи. И сега, Господи, погледни на нив­ни­те заплашувања и дај им на Своите слуги со полна смелост да го про­по­ве­даат Твоето слово, пружи ја Твојата рака за исцеление, и за да се случуваат знаци и чуда во името на Твојот Свет Син Исус.“ И откако се помолија, се затресе местото каде што беа собрани, и сите се исполнија со Светиот Дух и смело го проповедаа словото Божјо. А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа: и никој ништо од својот имот не го нарекуваше свое, туку сѐ им беше заедничко. Апостолите, пак, со голема сила сведочеа за воскресението на Господ Исус и имаше голема благодат над сите нив. Ниеден меѓу нив не беше лишен од нешто, бидејќи оние што имаа ниви и куќи, ги продаваа и па­рите земени за нив ги донесуваа и ги оставаа пред нозете на апостолите: и секому му се даваше според не­говите потреби. Така Јосиј, наречен од апостолите Варнава, што значи син на утехата, ле­вит, родум од Кипар, кој имаше нива, ја продаде, ги до­не­се парите и ги положи пред нозете на апостолите. А еден човек, по име Ананија, за­едно со својата жена Сапфира, продаде имот и еден дел од добиените пари сокри, со знаење на својата жена, додека другиот дел го донесе и го стави пред нозете на апостолите. А Петар рече: „Ананија, зошто сатаната го исполни твоето срце, да Го излажеш Светиот Дух и да прикриеш дел од земените пари за нивата? Додека не беше продадена, зар не беше твоја? И откако ја продаде, зар парите не беа во твоја власт? Зошто си стави во своето срце таква работа? Ти не излажа луѓе, туку Бога!“ Кога Ананија ги слушна тие збо­ро­ви, падна и издивна; и голем страв ги обзеде сите што го слушнаа тоа. Станаа момчињата, го завиткаа, го изнесоа и го погребаа. А кога поминаа околу три часа, вле­зе и неговата жена, не знаејќи што се случило. И Петар ја праша: „Кажи ми, за толку ли ја продадовте нивата?“ Таа одговори: „Да, за толку.“ Потоа Петар ѝ рече: „Зошто сте се договориле да Го искушувате Духот на Господ? Ете, пред вратата се нозете на оние што го закопаа твојот маж; и тебе ќе те изнесат.“ И таа веднаш падна пред неговите нозе и издивна. А кога момчињата влегоа, ја најдоа мртва, ја изнесоа и ја пог­ребаа до нејзиниот маж. И голем страв ја обзеде целата Црк­ва и сите што го слушнаа тоа. Преку рацете на апостолите се случуваа многу знаци и чуда меѓу луѓето; и сите беа еднодушни во Соломоновиот трем. Од останатите, пак, никој не се осмелуваше да им се придружи, а сепак, народот ги возвеличуваше. И мнош­твото на мажи и жени што веруваа во Господ сѐ повеќе се зголемуваше, така што и по улиците изнесуваа болни и ги полагаа на постели и носила, та кога ќе помине Петар, барем неговата сен­ка да осени некого од нив. А во Ерусалим доаѓаа и многумина од околните градови, донесувајќи бол­ни и мачени од нечисти духови, и сите беа излечени. Тогаш првосвештеникот и сите што беа со него, приврзаници на садукеите, станаа и, исполнети со завист, ги ставија своите раце на апосто­ли­те и ги фрлија во јавниот затвор. Но во текот на ноќта ангел Господов ја отвори вратата од затворот, и, откако ги изнесе, им рече: „Одете, застанете во храмот и ка­жувајте му ги на народот сите зборови за овој живот!“ Штом го слушнаа тоа, тие уште од утрото влегоа во храмот и поучува. А кога дојде првосвештеникот, и оние што беа со него, го свикаа Синедрионот и сите старешини меѓу Израилевите синови и пратија луѓе во зат­ворот за да ги доведат апостолите. Но кога поданиците отидоа, не ги најдоа во затворот, па, штом се вратија, изјавија, велејќи: „Затворот го најдовме заклучен како што треба и стражата стоеше надвор пред вратата. А кога отворивме, внатре никого не најдовме.“ Штом ги слушнаа овие зборови, свештеникот, заповедникот на храмот и првосвештениците се збунија од нив, размислувајќи што би тре­ба­ло да значи тоа. Но некој дојде и им објави: „Ене, луѓето што ги затворивте, стојат во храмот и го поучуваат народот.“ Тогаш заповедникот на храмот отиде заедно со поданиците и ги доведе, но не на сила, зашто се плашеа од народот, да не ги убијат со ка­мења нив самите. А кога ги доведоа, ги изведоа пред Синедрионот. И првосвештеникот, пра­шувајќи ги, рече: „Зарем не ви забранивме строго да поучувате во тоа име? А ете, вие го исполнивте Ерусалим со вашето учење и сакате крвта на Оној Човек да ја фрлите на нас.“ А Петар и апостолите одговорија и рекоа: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога отколку на луѓето. Бог на нашите татковци Го воскресна Исус, Кого вие Го погубивте, при­ковувајќи Го на дрво. Него Бог со Својата десница го воздигна за Началник и Спасител, за да му даде на Израил покајание и простување на гре­вовите. За тие Негови зборови сведоци сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние што Му се покоруваат.“ Кога го слушнаа тоа, тие се разлу­ти­ја и се договараа да ги убијат. Но, тогаш во Синедрионот стана еден фарисеј, по име Гамалиил, учител на Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда за кратко време да ги изведат апостолите надвор, а ним им рече: „Луѓе Израилци, внимавајте добро што ќе правите со овие луѓе! Зашто, пред извесно време се крена Тевда, кој зборуваше за себеси дека е голем човек, и му се придружија околу четиристотини мажи; тој беше убиен, и сите што му се потчинија, се разотидоа и исчезнаа. По него, во време на пописот, се крена Јуда Галилеецот и повлече по се­бе доста народ; но и тој загина и сите што му се покоруваа се растурија. И сега ви велам – отстапете од овие луѓе и оставете ги; зашто, ако ова е замисла или дело на луѓе, ќе се разруши; а ако е, пак, од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не ста­нете богоборци!“ Тие го пос­лу­шаа, и откако ги повикаа апостолите, ги натепаа и им заповедаа да не зборуваат во името на Исус, па ги пуштија. А тие излегоа од Синедрионот ра­досни, зашто беа удостоени да поднесат измачувања за името на Исус. И ниту еден ден не престануваа да поучуваат во храмот и по куќите и да бла­го­вестат за Исус Христос. Во деновите, пак, кога учениците се намножија, Евреите што зборуваат грчки се побунија против домашните Евреи, зашто при секојдневното делење на потребното биле изоставени нивните вдовици. Тогаш дванаесетте го свикаа целото мноштво ученици и рекоа: „Не доликува ние да го оставиме словото Божјо и да послужуваме на трпезите. Затоа, браќа, одберете меѓу вас седуммина докажани луѓе, исполнети со Светиот Дух и мудрост, што ќе ги поставиме на таа служба; а ние ќе се посветиме на молитвата и на службата на словото.“ Предлогот му се допадна на целото мноштво; па ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и со Светиот Дух, Филип, Про­хор, Никанор, Тимон, Пармен и Нико­лај, еден прозелит од Антиохија; нив ги поставија пред апостолите, а тие, откако се помолија, ги положија рацете над нив. И така, словото Божјо се ширеше, и бројот на учениците во Ерусалим многу се зголемуваше; и големо мноштво свеш­теници се покоруваа на верата. А Стефан, исполнет со вера и сила, правеше големи чуда и знаци меѓу луѓето. Тогаш се кренаа некои припадници на синагогата, наречена синагога на Ли­бертинците, на Киринејците и Алек­сандријците, како и на оние што беа од Киликија и Азија, и почнаа да се препираат со Стефан; но не можеа да се спротивстават на мудроста и Духот со кои тој зборуваше. Затоа подучија некои луѓе да речат: „Го чувме дека хули на Мојсеј и на Бога.“ Така ги надразнија народот, старе­шините и книжниците и откако се нафрлија на него, го зграпчија и го одведоа во Синедрионот. Таму поставија лажни сведоци, кои рекоа: „Овој човек постојано хули на ова свето место и на Законот. Зашто го слушнавме како зборува дека Тој, Исус Назареецот, ќе го разруши ова место и ќе ги измени обичаите што ни ги предаде Мојсеј.“ Тогаш сите што беа во Си­нед­ри­онот го вперија погледот во него и ви­доа дека лицето му беше како лице на ангел. Тогаш првосвештеникот рече: „Точно ли е тоа?“ А тој одговори: „Луѓе, браќа и тат­ковци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраам, кога беше во Месопотамија, уште пред да се насели во Харан, и му рече: ’Излези од твојата земја и од твојот род, па дојди во земјата што ќе ти ја покажам.‘ Тогаш тој излезе од Хал­деј­ската земја и се насели во Харан, а оттаму, по смртта на неговиот татко, Бог го пресе­ли во оваа земја, во која вие сега живеете. И во неа не му даде наследство ниту една стапка земја, но вети дека ќе му ја даде нему и на неговото потомство во посед, иако тој уште немаше дете. И му рече Бог вака: ’Твоите потомци ќе бидат преселени во туѓа земја и ќе бидат поробени и мачени четирис­то­ти­ни години. Но Jас‘, рече Бог ’ќе му судам на оној народ, кому ќе му робуваат; а потоа тие ќе излезат и ќе Ми служат на ова мес­то‘. И му го даде како завет обрезанието. Потоа од Авраам се роди Исак и тој го обреза во осмиот ден; од Исак се роди Јаков, од Јаков, пак, дванаесетте патри­јар­си. Патријарсите му завидуваа на Јосиф и го продадоа во Египет; но Бог беше со него, и го избави од сите маки и му подари благодат и мудрост пред фа­раонот, египетскиот цар, кој го постави за началник над Египет и над целиот свој дом. Тогаш настана глад и голема мака по целата египетска и хананска земја, и нашите татковци не наоѓаа храна. А Јаков, кога чу дека во Египет има пченица, најпрво таму ги прати нашите тат­ковци. И кога отидоа по вторпат, Јосиф им се откри на браќата и фараонот го за­позна родот на Јосиф. Тогаш Јосиф прати гласници да го повикаат татко му Јаков и целиот негов род – седумдесет и пет души. И така Јаков слезе во Египет, и та­му умреа тој и нашите татковци; и ги пренесоа во Сихем, и ги по­ло­жија во гробот, што во Сихем Авраам го беше купил за сребро од синовите на Емор. Но како што наближуваше времето за исполнување на ветувањето, за кое Бог му се заколна на Авраам, во Египет се зголемуваше и се намножуваше бројот на луѓето, сѐ додека во Египет не завладеа друг цар, кој не го познаваше Јосиф. Тој лукаво постапи со нашиот на­род, ги мачеше нашите татковци, при­силувајќи ги да ги оставаат своите новороденчиња за да не преживеат. Во тоа време се роди и Мојсеј, кој Му беше мил на Бога и три месеци беше хранет во куќата на својот татко. А кога беше оставен, него го приб­ра фараоновата ќерка и го одгледа ка­ко свој син. И Мојсеј ја научи целата египетска мудрост и беше силен во зборови и во дела. А кога навршуваше четириесет го­дини, му дојде при срце да ги посети своите браќа, Израилевите синови. И кога виде дека еден од нив беше онеправдан, го заштити и се одмазди за измачуваниот, убивајќи го Египќанецот. Тој мислеше дека неговите браќа ќе согледаат дека Бог преку неговата рака им дава спасение, но тие не сфатија. А на другиот ден, кога некои од нив се тепаа, тој дојде кај нив и сакајќи да ги помири, рече: ’Луѓе, вие сте браќа; зошто се навредувате меѓу себе?‘ Но оној што го онеправдуваше својот ближен, го оттурна од себе и му рече: ’Кој те поставил тебе да бидеш началник и судија над нас? Да не сакаш и мене да ме уби­еш, како што вчера го уби Егип­ќа­не­цот?‘ Поради тие зборови Мојсеј побегна и се насели како туѓинец во Мадијамската земја, каде што му се родија два сина. И кога поминаа четириесет години, му се јави ангел Господов во пустината на Синајската Гора, во огнен пламен на една капина. Мојсеј штом виде, се зачуди од тоа видение; и кога се приближи да погледа внимателно, дојде до него гласот Господов: ’Јас сум Бог на твоите татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јако­вов.‘ Мојсеј се растрепери и не смееше да погледа. А Господ му рече: ’Собуј си ги обув­ките од нозете, зашто местото на кое стоиш е света земја! Јас ги видов добро маките на Мојот народ што е во Египет и го слушнав неговото воздивнување; па слегов да го избавам; а сега дојди да те пратам во Египет!‘ Тој, Мојсеј, кого го беа одбиле, велејќи: ’Кој те поставил тебе за началник и судија‘, него Бог преку раката на ангелот, кој му се јави во капината, го прати за начал­ник и избавител. Тој ги изведе, правејќи чуда и зна­ци во египетската земја и во Црвеното Море и во пустината во тек на четири­есет години. Тоа е истиот Мојсеј што им беше ре­кол на Израилевите синови: ’Господ, вашиот Бог, од вашите браќата ќе ви из­дигне Пророк како мене. Него пос­лу­шајте Го!‘. Тоа е оној што на собирот во пусти­на­та беше со ан­гелот кој му зборуваше на Синајската планина, како и со нашите татков­ци; тој прими животворни зборови за да ни ги предаде нам, и нему нашите татковци не сакаа да му се покорат, туку го отфрлија и со своите срца се свртеа кон Египет, велејќи му на Арон: ’Направи ни богови што ќе одат пред нас; зашто не знаеме што му стана на овој Мојсеј кој нѐ изведе од египетската земја.‘ И во оние денови си направија лик на те­ле, и му принесоа жртва на идолот и се веселеа пред делото на своите раце. Затоа Бог се одврати од нив и ги предаде да му служат на небесното воинство, како што е напишано во книгата на пророците: ’Доме Израилев, Ми прине­совте ли вие заклани животни и жртви во текот на четириесетте години во пус­тината? Вие го прифативте шаторот на Молох и ѕвездата на вашиот бог Ремфан, кипови што ги направивте вие за да им се поклонувате: и затоа ќе ве преселам отаде Вавилон.‘ Скинијата на сведоштвото беше со нашите татковци во пустината, како што бе­ше заповедал Оној Кој му зборуваше на Мојсеј да ја направи според образецот што го беше видел. Неа нашите татковци ја примија и со Исус Навин ја внесоа во земјата на незнабошците, кои Бог ги изгони пред лицето на нашите татковци; и така беше сѐ до времето на Давид, кој најде благодат пред Бога и посака да најде живеалиште за Јакововиот Бог. А Соломон Му изгради дом. Но Севишниот не живее во ракот­во­рени храмови, како што вели пророкот; ’Небото е Мојот престол, а земјата Ми е подножје. Каков дом ќе Ми изградите, вели Господ, или кое мес­то е за Мојата почивка? Не го направи ли сето ова Мојата рака?‘ Тврдоглави и необрезани во срцето и ушите! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух – како вашите татковци, така и вие. Кого од пророците не го гонеа ва­шите татковци? Тие ги убија оние што го предвестија доаѓањето на Пра­вед­ни­от, чии предавници и убијци сега станавте и вие, вие, што го примивте Законот пре­ку ангелско служење, а не го одржавте.“ Кога го слушаа ова, срцата им се исполнија со гнев и со забите крцкаа на него. А Стефан, исполнет со Светиот Дух, погледна кон небото, ја виде Божјата слава и Исус како стои оддесно на Бога, и рече: „Еве, ги гледам небесата от­ворени и Синот Човечки како стои оддесно на Бога.“ Но тие извикаа со висок глас, ги затворија своите уши и еднодушно се нафрлија на него. И откако го изведоа надвор од гра­дот, го каменуваа; а сведоците ги оставија своите облеки пред нозете на едно момче, по име Сав­ле. И додека фрлаа камења врз Сте­фан, тој се молеше и велеше: „Гос­по­ди Исусе, прими го мојот дух!“ Па падна на колена, извика со силен глас: „Господи, не примај им го ова за грев!“ И штом го рече тоа, по­чи­на. Савле, пак, го одобруваше неговото убиство. Во тој ден започна голем прогон на црквата во Ерусалим, и сите, освен апостолите, се распрснаа по пределите на Јудеја и Самарија. А Стефан го погребаа благочестиви луѓе и многу го оплакуваа. Савле, пак, ја пустошеше црквата, одеше по куќите и извлекуваше мажи и жени, па ги предаваше во затвор. Тие што се беа распрснале, сега одеа наоколу благовестејќи го словото. Така Филип слезе во градот Самарија и таму им проповедаше за Христос. Народот еднодушно внимаваше на тоа што го зборуваше Филип, слушајќи и гледајќи ги чудата што тој ги правеше; зашто нечисти духови со голем вик излегуваа од опседнатите, и мнозина неподвижни и куци оздравуваа. И голема радост настана во тој град. А во градот имаше еден човек по име Симон. Тој правеше магии и со тоа го восхитуваше народот од Самарија, велејќи за себе дека е голем човек. Него го слушаа сите, од најмал до најголем, и велеа: „Овој е великата сила Божја.“ А го слушаа внимателно, затоа што подолго време ги беше восхитувал со своите магии. Но кога му поверуваа на Филип, кој благовестеше за цар­ството Божјо и за името на Исус Хрис­тос, почнаа да се крштеваат мажи и же­ни. Тогаш поверува и самиот Симон и, откако се крсти, постојано го при­дру­жуваше Филип; и, гледајќи ги чудата и знаците што се извршуваа, се восхитуваше. Кога слушнаа апостолите што беа во Ерусалим дека Самарија го примила словото Божјо, ги пратија кај нив Петар и Јован. Тие, штом слегоа, се помолија за нив, за да Го примат Светиот Дух. Зашто сѐ уште не беше слегол на ниту еден од нив, а само беа крстени во името на Господ Исус. Тогаш апостолите положија на нив раце и тие Го примија Светиот Дух. А Симон, кога виде дека Светиот Дух се дава со полагање раце од апостолите, им донесе пари, и им рече: „Дајте ми ја и мене таа власт, та на кого и да ги положам ра­цете, да Го прими Светиот Дух!“ Но Петар му рече: „Твоето сребро нека загине заедно со тебе, зашто по­мисли дека Божјиот дар може да се стекне со пари. Ти немаш дел ниту право на таа работа, бидејќи твоето срце не е право пред Бога. Затоа покај се за оваа зла намера и помоли Му се на Бога за да ти се прости помислата на твоето срце; бидејќи гледам дека си исполнет со жолчност и окован во неправда.“ А Симон одговори: „Вие помолете Му се за мене на Господ, да не ме стиг­не ништо од она што рековте.“ А тие, откако посведочија и зборуваа за словото Господово, се вратија во Ерусалим, проповедајќи го патем благовестието во многу самарјански села. А ангел Гос­по­дов му проговори на Филип, велејќи: „Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, тој пат е пуст.“ Тој стана и тргна; и ете, еден човек од Етиопија, евнух, великодостојник на етиопската царица Кандакија, кој беше чувар на сите нејзини ризници и беше дошол во Ерусалим на поклонение, сега се враќаше и, седејќи во својата кола, го читаше пророкот Исаија. Духот, пак, му рече на Филип: „Приближи се и придружувај ја колата!“ Филип притрча, и откако чу дека тој го чита пророкот Исаија, му рече: „Го разбираш ли тоа што го читаш?“ Овој одговори: „Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?“ Па го замоли Филип да се качи и да седне до него. А местото од Писмото што го читаше, беше ова: „Како овца беше одведен на колење, и како јагне безгласно пред оној што го стрижи, така и Тој не ја отвори Својата уста. Во Неговата понизност Тој беше ли­шен од праведен суд. А Неговиот род кој ќе го опише? Зашто Неговиот живот се одзема од земјата.“ Тогаш евнухот проговори и му рече на Филип: „Те молам, за кого пророкот го зборува ова, за себе или за некој друг?“ А Филип ја отвори својата уста и почнувајќи од тоа место во Писмото, му бла­го­вес­теше за Исус. И одејќи така по патот, тие стигнаа до една вода; и евнухот рече: „Еве вода! Што ме спречува да се крстам?“ А Филип му рече: „Ако веруваш од сѐ срце – можеш.“ Тој одговори и рече: „Верувам дека Исус Христос е Синот Божји.“ И заповеда колата да запре, па слегоа во водата двајцата – и Филип и ев­ну­хот, и го крсти. А кога излегоа од водата, Дух Господов го грабна Филип, па ев­нухот веќе не го виде и радосно го про­дол­жи својот пат. А Филип се најде во Азот; па тргна да го проповеда благовестието по сите градови, додека не стигна во Кесарија. А Савле, сѐ уште исполнет со застрашувања и убиства против Господовите ученици, дојде кај прво­свеш­те­ни­кот и побара од него писма за синагоги­те во Дамаск, па доколку таму најде некои што го следат овој пат, мажи и жени, врзани да ги доведе во Ерусалим. Но, додека, патувајќи, наближуваше до Дамаск, наеднаш го обзеде светлина од небото, и, откако падна на земја, слушна глас што му зборуваше: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?“ А тој одговори: „Кој си Ти, Го­спо­ди?“ А Господ му рече: „Јас сум Исус, Кого Го гониш. Но, стани и влези во градот; и ќе ти се каже што треба да правиш!“ А луѓето кои го придружуваа, стоеја како занемени, зашто слушаа глас, а никого не гледаа. Савле стана од земјата и, иако очите му беа отворени, ништо не гледаше; и водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск. И три дена остана слеп, и ништо не јадеше, ниту пиеше. Во Дамаск, пак, имаше еден ученик по име Ананија, кому во видение Гос­под му рече: „Ананија!“ А тој одговори: „Еве ме, Господи!“ Тогаш Господ му рече: „Стани и оди во улицата што се вика Права, и во домот на Јуда побарај го човекот од Тарс, по име Савле; ете, тој се моли, и во видение виде еден човек, по име Ананија, како му приоѓа и полага рака на него, за да прогледа“. А Ананија одговори: „Господи, од мнозина сум слушал за тој човек колку зло им правел на Твоите светии во Еру­салим; а тој и овде има овластување од првосвештениците да ги врзува сите што го повикуваат Твоето име.“ Но Господ му рече: „Оди, зашто тој Ми е избран сад, за да го изнесе Моето име пред народи и цареви и пред Израилевите синови. Зашто Јас ќе му покажам колку тој треба да пострада заради Моето име.“ А Ананија отиде и влезе во куќата и, откако ги положи своите раце на не­го, рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати за да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“ И одеднаш како лушпи да паднаа од неговите очи, и тој прогледа и, кога ста­на, се крсти. А откако зеде храна, Савле зак­репна. Потоа неколку дена остана со учениците во Дамаск; и веднаш по синагогите почна да проповеда дека Исус е Синот Божји. И сите што го слушаа, се чудеа и зборуваа: „Не е ли ова оној, кој во Еру­салим ги гонеше оние што го повикуваа тоа име, та затоа и овде дошол за да ги доведе таквите врзани пред првосвештениците?“ А Савле стануваше сѐ посилен и ги збунуваше Јудејците кои живееја во Дамаск, докажувајќи им дека Овој е Христос. Кога поминаа доста денови, Јудеј­ци­те се договорија да го убијат. Но Савле дозна за нивниот заговор. А тие дење и ноќе ги надгледуваа градските порти за да го убијат. Затоа учениците го зедоа ноќе, го ставија во кошница и го спуштија по ѕидот. А кога пристигна во Ерусалим, Савле настојуваше да им се придружи на учениците; но сите се плашеа од не­го, бидејќи не веруваа дека тој е ученик. Но, Варнава го зеде и го одведе кај апостолите, па им раскажа како Савле по патот Го видел Господ, дека му зборувал, а исто така и дека во Дамаск отворено проповедал во името на Исус. Оттогаш тој се движеше со нив во Ерусалим, и смело говореше во името на Господ Ису­с. А зборуваше и се препираше исто така и со Евреите што зборуваат грчки, кои се обидуваа да го убијат. Штом за тоа разбраа браќата, го од­ведоа во Кесарија и го испратија во Тарс. А црквата по цела Јудеја, Галилеја и Самарија беше во мир, се изградуваше и живееше во стравопочит кон Господ, и се умножуваше со утехата на Светиот Дух. А кога Петар ги посетуваше сите, се случи да сле­зе и кај светиите што живееја во Лида. Таму, пак, најде еден човек по име Енеј, кој осум години лежел на постела, зашто бил неподвижен. И Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те ис­целува. Стани и самиот среди ја постелата!“ И тој веднаш ста­на. И сите што живееја во Ли­да и во Сарон го видоа, и се обратија кон Господ. Во Јопија имаше една ученичка, по име Тавита, што значи Срна; таа правеше многу добри дела и милостина. И токму во тие денови таа се разболе и умре. Тогаш ја измија и ја положија во горната соба. А бидејќи Лида беше близу до Јо­пи­ја, учениците, штом слушнаа дека Пе­тар е таму, испратија кај него двајца гласници да го замолат да дојде кај нив што побргу. Петар стана и тргна со нив. Кога пристигна, го одведоа во горната соба. И му пристапија сите вдовици, пла­чеј­ќи и покажувајќи му ги туниките и наметките што ги правела Срна додека беше со нив. Петар, откако ги истера сите надвор, клекна на колена, се помоли, па се сврте кон телото и рече: „Тавита, стани!“ Таа ги отвори очите и гледајќи го Петар, седна. А тој ѝ подаде рака и ја подигна. Тогаш ги повика светиите и вдовиците и им ја предаде жива. И ова се разгласи по цела Јопија, и мнозина поверуваа во Господ. А Петар престојуваше долго време во Јопија кај некој кожар Симон. Во Кесарија имаше еден човек, по име Корнилиј, стотник од четата наречена Италска. Тој беше благочестив и богобојазлив човек, заедно со целиот свој дом; изобилно му даваше милостина на народот и секогаш Му се молеше на Бога. Еднаш околу деветтиот час од де­нот, тој во видение јасно виде Божји ангел, како доаѓа кај него и му вели: „Корнилиј!“ А тој го впери погледот во него и си­от уплашен рече: „Што е Господи?“ Тој му рече: „Твоите молитви и милостини се издигнаа пред Бога за спомен. И сега, прати луѓе во Јопија и по­викај го Симон, кого го викаат Петар. Тој таму гостува кај некој кожар Симон, чија куќа се наоѓа покрај морето.“ Кога си отиде ангелот што му збору­ва­ше, Корнилиј повика двајца од своите слуги и еден благочестив војник, од оние кои постојано се наоѓаа кај него; па, откако им кажа сѐ, ги прати во Јопија. Утредента, додека тие патуваа и наближуваа до градот, Петар околу шестиот час се качи на рамниот пок­рив од куќата за да се помоли. И бидејќи беше огладнел, сакаше да јаде; а додека му приготвуваа, тој падна во занес, и го виде небото отворено и некаков сад како слегува кон него, сличен на не­кое големо платно, врзано за че­ти­рите краишта, и се спушташе на земјата. Во него беа сите земни четиринож­ни животни, ѕверови и влекачи и небесни птици. И дојде глас кон него: „Петар, ста­ни, заколи и јади!“ А Петар рече: „Никако, Господи, зашто никогаш не сум јадел погано или нечисто.“ И одново, по вторпат дојде глас кон него: „Она што Бог го очистил, ти не го сме­тај за погано!“ Тоа се случи трипати, и садот повторно се крена кон небото. И додека Петар беше во недоумица што би можело да значи тоа видение што го виде, ете, луѓето испратени од Корнилиј, распрашувајќи се, ја најдоа куќата на Симон, застанаа пред портата, па повикаа и прашаа: „Овде ли гостува Симон, наречен Петар?“ И додека Петар размислуваше за видението, Духот му рече: „Ете, те ба­раат тројца луѓе. Туку стани, слези и оди со нив, не сомневајќи се во ништо; зашто Јас ги пратив!“ Штом слезе кај луѓето, Петар рече: „Јас сум тој, кого го барате. Зошто сте дош­ле?“ А тие му одговорија: „Стотникот Корнилиј, праведен и богобојазлив човек, докажан меѓу сиот јудејски народ, беше упатен од свет ангел да те повика во својот дом и да ги слушне твоите зборови.“ Тогаш Петар ги повика внатре и ги нагости. Утредента замина со нив, а го придружуваа и некои браќа од Јопија. Следниот ден тие влегоа во Кесарија. А Корнилиј ги чекаше, откако ги беше повикал своите роднини и блиски пријатели. Додека Петар влегуваше, Корнилиј го пресретна, падна пред неговите нозе и му се поклони. А Петар го подигна и му рече: „Стани, и јас сум само човек.“ И така разговарајќи со него, влезе и најде мнозина соб­рани. И им рече: „Вие знаете дека на чо­век Јудеец му е забрането да се дружи или да оди кај човек од друг род. Но ме­не Бог ми покажа дека ниеден човек не треба да го нарекувам поган или нечист. Затоа беспоговорно дојдов кога бев повикан. Сега ве прашувам, зошто ме повикавте?“ И Корнилиј одговори: „Од пред четири дена, па сѐ до овој час постев, а во деветтиот час се молев во својот дом. И ете, пред мене застана човек во раскошна облека, и ми рече: ’Корнилиј, твојата мо­литва е услишена, и за твоите милостини Бог Си спомна. Затоа прати некого во Јопија и по­викај го Симон, наречен Петар; тој сега гостува во куќата на кожарот Симон, покрај морето. Тој ќе дојде и ќе ти зборува.‘ Затоа јас веднаш пратив луѓе по те­бе, и ти добро направи што дојде. Сега ние сите стоиме пред Бога за да слушнеме сѐ што ти е заповедано од Бога.“ Тогаш Петар ја отвори устата и ре­че: „Навистина сфаќам дека Бог не гле­да на лице; туку, Нему Му е мил во секој народ оној што има стравопочит кон Него и постапува праведно. Тој им го прати на Израилевите синови словото, благовестувајќи мир преку Исус Христос, Кој е Господ на сите. Вие знаете за сето она што се слу­чуваше по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштевањето што го про­поведаше Јован: како Бог Го помаза Исус од Назарет со Светиот Дух и со сила, и како Тој одеше вршејќи добри дела и исцелувај­ќи ги сите што ги беше нападнал ѓаво­лот, зашто Бог беше со Него. И ние сме сведоци за сѐ што нап­ра­ви Тој во Јудејската земја и во Еру­са­лим. Него Го убија, приковувајќи Го на дрво. Но, Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се појави, не на сиот народ, туку нам, на предизбраните од Бога сведоци, кои јадев­ме и пиевме со Него по Неговото воскресение од мртвите. И ни заповеда да им проповедаме на луѓето и да сведочиме дека Тој е од Бога определениот Судија над живите и мртвите. Сите пророци сведочат за тоа дека секој што ќе верува во Него, ќе добие простување на гревовите преку Не­го­во­то име.“ Додека Петар уште ги изговараше овие зборови, Светиот Дух слезе над сите што го слушаа словото. А обрезаните верници, што беа дојдени заедно со Петар, се изненадија што дарот на Светиот Дух се излеа и над незнабошците, зашто ги слушаа како зборуваат на разни јазици и Го возвеличуваат Бога. Тогаш Петар рече: „Може ли некој да ја запре водата за да не бидат крстени оние кои Го примија Светиот Дух како и ние?“ И заповеда да бидат крстени во името на Господ. Тогаш тие го замолија да остане кај нив неколку де­на. Апостолите и браќата што беа во Јудеја, слушнаа дека и незнабошците го примиле словото Божјо. И кога Петар влезе во Ерусалим, оние што беа од обрезаните се препираа со него, велејќи: „Ти си бил кај необрезани луѓе и си јадел со нив.“ А Петар почна да им раскажува за сѐ по ред, велејќи: „Јас бев во градот Јопија, и, додека се молев, во занес здогледав видение: од небото слегуваше некаков сад, како не­кое платно, врзано за четирите краишта, и дојде дури до мене. Откако погледав во него и го разгле­дав, видов четириножни земни животни, ѕверови, влекачи и небесни птици. И чув глас што ми зборуваше: ’Петар, стани, заколи и јади!‘ Јас, пак, реков: ’Никако, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во мојата уста.‘ А гласот од небото ми одговори по вторпат: ’Она што Бог го очистил, ти не го сметај за погано!‘ Тоа се случи трипати; и повторно се крена на небото. И ете, во тој час, пред куќата во којашто бев, застанаа тројца лу­ѓе, испратени по мене од Кесарија. А Духот ми рече да појдам со нив, без двоумење. Со мене дојдоа и овие шестмина браќа, и влеговме во куќата на оној човек. Тој ни раскажа како во својата куќа видел ангел, кој застанал и му рекол: ’Прати во Јопија луѓе и повикај го Си­мон, наречен Петар. Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе бидеш спасен ти и целиот твој дом.‘ И кога почнав да зборувам, Светиот Дух слезе над нив, како и над нас во почетокот. Тогаш се сетив на Гос­по­довите зборови кога рече: ’Јован крштеваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Светиот Дух.‘ Ако Бог им даде еднаков дар, како и нам, кои поверувавме во Господ Исус Христос, тогаш кој сум јас да Му се спротивставам на Бога?“ Откако го ислушаа тоа, тие се успо­коија и Го прославуваа Бога, велејќи: „Значи и на незнабошците Бог им даде покајание за живот.“ А оние, што се беа распрснале по­ради гонењето до кое дојде по убиството на Стефан, стигнаа сѐ до Феникија, Кипар и Антиохија, и никому не му го проповедаа словото, освен на Јудејците. А имаше некои луѓе од нив – Кипрани и Ки­ри­нејци, коишто, доаѓајќи во Антиохија, им проповедаа на Евреите што зборуваат грчки, благовестејќи Го Гос­под Исус. И Господовата рака беше со нив, та голем број луѓе поверуваа и се обратија кон Господ. Веста за тоа дојде до ушите на црквата во Ерусалим. И тогаш го испратија Варнава да оди дури до Антиохија. А кога тој пристигна и ја виде благодатта Господова, се зарадува, и ги бод­реше сите да останат во Господ со непоколебливо срце. Тој беше добар човек и исполнет со Светиот Дух и со вера. И значително мнош­тво луѓе се присоедини кон Господ. Потоа, Варнава тргна за Тарс да го бара Савле. И кога го најде, го доведе во Анти­охија. И цела година тие се собираа во црквата и поучуваа големо мноштво лу­ѓе. Во Антиохија за првпат учениците ги нарекоа христијани. А во тоа време слегоа од Ерусалим во Антиохија некои пророци. И еден од нив, по име Агав, стана и прет­скажа преку Духот дека по целиот свет ќе настане голем глад, како што и се случи во времето на цезарот Клавдиј. Тогаш учениците решија да испратат, секој според своите можности, помош на браќата што живееја во Јудеја. Тоа го направија, така што го пра­тија собраното до старешините преку Варнава и Савле. Во тоа време цар Ирод почна да прогонува некои од Црквата, за да им нанесе зло. Со меч го уби Јаков, братот на Јо­ва­н. А кога виде дека тоа им се допаѓа на Јудејците, го фати и Петар. Тоа беше за време на Бесквасници. Кога го фати него, го фрли в затвор предавајќи го на четири групи по чети­ри војници да го пазат, со намера веднаш по Пасха да го изведе пред народот. И така, додека Петар го пазеа во затворот, црквата непрестајно Му се молеше на Бога за него. Ноќта, спроти денот кога Ирод са­каше да го изведе, Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во два синџира, а стражарите пред портата го чуваа затворот. И, ете, ангел Господов застана, и светлина блесна во ќелијата. Ангелот го потчукна Петар по ребрата и го раз­буди, па му рече: „Стани брзо!“ И око­вите му паднаа од рацете. Тогаш ангелот му рече: „Препашај се и обуј си ги сандалите!“ Така и на­пра­ви. Па му рече: „Облечи ги своите алиш­та­ и дојди по мене!“ И излезе и тргна по него, а не зна­еше дека тоа, што го направи ангелот, е вистина, туку си мислеше дека има видение. Откако ги изминаа првата и втората стража, дојдоа до железната порта, што водеше кон градот, а таа им се отвори сама. Тие излегоа и преминаа преку ед­на улица, и во тој час ангелот си отиде од него. Тогаш Петар, откако дојде на себе, си рече: „Сега знам дека навистина Господ го пратил Својот ангел да ме избави од рацете на Ирод и од сѐ, што очекуваше јудејскиот народ.“ Сфаќајќи го тоа, тој дојде до куќата на Марија, мајката на Јован, наречен Марко, каде што беа собрани многумина и се молеа. А кога Петар затропа на портата, слугинката по име Рода пријде да нас­лушне. И, штом го позна гласот на Петар, таа од радост не ја отвори капијата, туку се втрча и јави дека Петар стои пред капијата. А тие ѝ рекоа: „Ти си луда!“ Но таа настојуваше дека тоа е така. А тие велеа: „Тоа сигурно е неговиот ангел.“ Петар, пак, постојано чукаше. А кога му отворија, го видоа и се зачудија многу. Тој им мавна со раката да молчат, а потоа им раскажа како Господ го извел од затворот, и рече: „Соопштете им за ова на Јаков и на браќата!“ Потоа из­ле­зе и отиде на друго место. Утредента меѓу војниците настана голема вознемиреност поради тоа што се случило со Петар. А Ирод, кога го побара и не успеа да го пронајде, ги ис­пита стражарите и заповеда да ги погубат, па слезе од Јудеја во Кеса­рија, и таму се задржа. Ирод беше гневен на Тирците и Си­донците. Но тие, бидејќи нивните земји добиваа храна од неговото царство, се договорија и дојдоа кај него еднодушни, и откако го придобија на своја страна царевиот собар Власт, побараа мир. Во договорениот ден Ирод се облече во царска облека, седна на престолот и одржа говор пред народот. А народот воскликнуваше: „Ова е глас Божји, а не човечки.“ Но ненадејно во истиот миг го порази ангел Господов, зашто не Му воздаде слава на Бога и изеден од цр­ви, тој умре. А словото Божјо сѐ повеќе растеше и се распространуваше. Варнава и Савле, откако го исполнија задолжението, се вратија од Ерусалим, а со себе го зедоа и Јован, наречен Марко. Во Антиохиската црква имаше некои пророци и учители: Вар­нава, Симеон, наречен Нигер, Луциј Киринеецот и Манаин, кој беше растен заедно со четворовласникот Ирод, и Савле. Еднаш кога Му служеа на Господ и постеа, Светиот Дух рече: „Одвојте ми ги Варнава и Савле за делото, за кое ги повикав!“ Тогаш тие, откако постеа и се по­мо­лија, положија раце над нив и ги испратија. И така, испратени од Светиот Дух, тие слегоа во Селевкија, и оттаму от­пловија за Кипар. И кога стигнаа во Саламин, тие го проповедаа словото Божјо во јудејските синагоги, а го имаа со себе и Јован како помошник. А кога го поминаа островот сѐ до Пафос, наидоа на еден маѓесник и лажен пророк, Јудеец, по име Ва­ри­сус, кој беше со проконзулот Сергиј Пав­ле, умен човек. Тој ги повика Варнава и Савле, и посака да го слушне словото Божјо. Но им се спротивстави ма­ѓесникот Елима – така, всушност, се преведува неговото име – настојувајќи да го одврати проконзулот од верата. Но Савле, наречен и Павле, исполнет со Светиот Дух, го впери погледот во не­го, и рече: „О, ти кој си полн со секакво лукавство и секаква злоба, сине ѓаволски, не­пријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта? И еве сега, Господовата рака е врз тебе; ќе бидеш слеп и за некое време нема да го гледаш сонцето!“ И наеднаш над него падна мрак и темнина, и лутајќи, бараше некој да го води за рака. Тогаш проконзулот, откако виде што се случи, поверува, восхитен од Господовото учење. Павле и неговите придружници от­пловија од Пафос и пристигнаа во Пер­гија Памфилиска. Тука Јован се одвои од нив и се врати во Ерусалим. А тие тргнаа од Пергија и пристигнаа во Антиохија Писидиска и во еден саботен ден влегоа во синагогата и седнаа. По читањето на Законот и на Про­роците, старешините на синагогата пра­тија луѓе да им кажат: „Луѓе, браќа, ако имате збор за утеха на народот, зборувајте!“ Тогаш Павле стана, мавна со ра­ката и рече: „Луѓе Израилци, и вие, што имате стравопочит кон Бога, пос­лу­шај­те! Бог на овој народ ги избра нашите татковци и го подигна овој на­род кога тие престојуваа во еги­петската земја, и со подигната рака ги из­ве­де од неа; и околу четириесет години ги хранеше во пустината; а потоа откако уништи седум народи во хананската земја, им ја раздели земјата во нивно наследство. Потоа, околу четиристотини педесет години им даваше судии до пророкот Самоил. А потоа бараа цар, и Бог им го даде Саул, синот на Кис, човек од Вени­ја­миновото колено, за четириесет години. Кога го отстрани него, за цар им го подигна Давид, за кого и рече, све­до­чеј­ќи: ’Најдов човек што Ми е при срце, Давид, синот на Јесеј. Тој ќе ги исполни сите Мои барања.‘ Од неговото потомство Бог, според ветувањето, издигна за Израил Спасение. Пред Неговото доаѓање, Јован како предгласник му проповедаше на сиот израилски народ покајно крштевање. А кога Јован го завршуваше своето дело, прашуваше: ’За кого ме сметате? Јас не сум Тој, но, ете, по мене иде Оној, Кому не сум достоен да Му ги од­врзам ни обувките на Неговите нозе.‘ Луѓе, браќа, синови од родот на Авраам, оние меѓу вас, што имаат страво­почит кон Бога, вам ви е испратено словото за ова спасение. Зашто жителите на Ерусалим и нивните началници, бидејќи не Го препознаа, ги потврдија пророчките збо­ро­ви, што се читаат секоја сабота, со тоа што Го осудија. И така, иако не најдоа никаква вина за осуда на смрт, тие настојуваа пред Пилат да Го убие. А кога го извршија сето тоа, што беше напишано за Него, Го симнаа од дрвото и Го положија в гроб. Но Бог Го воскресна од мртвите. А Тој во текот на многу денови им се јавуваше на оние, што беа дошле со Него од Галилеја во Ерусалим и кои сега се Негови сведоци пред народот. И ние ви благовестиме дека ветувањето, дадено на нашите татковци, Бог го исполни на нас, нивните чеда, воскреснувајќи Го Исус. Како што е во вториот псалм на­пи­шано: ’Ти си Мој Син, Јас денес Те родив.‘ А дека Го воскресна од мртвите, и дека веќе нема да се враќа во рас­па­ѓа­ње, рекол вака: ’Ќе ви ги исполнам светите ветувања дадени на Давид, кои се вистински.‘ За тоа и на друго место зборува: ’Нема да допуштиш Светиот Твој да види распаѓање.‘ Давид, пак, откако му слу­жеше на својот род, според волјата Божја, се упокои и се присоедини кон татковците и виде распаѓање; но Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде распаѓање. И така, знајте, мажи и браќа дека преку Него вам ви се проповеда простување на гревовите; и дека секој кој верува, пре­ку Него се оправдува од сѐ, од што не сте можеле да се оправдате преку Мојсеевиот Закон. Затоа внимавајте да не дојде на вас она што е речено во пророците: ’Погледнете вие кои презирате, за­чудете се и исчезнете! Зашто во ваше време ќе извршам дело, во кое немаше да поверувате, ако некој би ви го рас­ка­жал.‘“ А кога излегуваа од сина­го­гата на Јудејците, незнабошците ги помолија овие зборови да им се проповедаат и во следната сабота. И кога се распушти собирот, мнози­на Јудејци и благочестиви прозелити појдоа по Павле и Варнава. Тие разговараа со нив и ги убедуваа да останат во Бож­ја­та благодат. Следната сабота речиси целиот град се собра да го слушне словото Божјо. Но Јудејците, кога видоа многу на­род, се исполнија со завист и му против­речеа на она што го зборуваше Павле и хулеа. Тогаш Павле и Варнава им рекоа отворено: „словото Божјо требаше нај­нап­ред вам да ви се проповеда, но кога вие го отфрлате и се сметате себеси недостојни за вечниот живот, еве, ние се обраќаме кон незнабош­ците. Зашто Господ така ни заповеда: ’Те поставив за светлина на незнабошците, да бидеш за спасение до крајот на земјата.‘“ Незнабошците, слушајќи го тоа, се радуваа и го славеа Господовото слово и поверуваа сите, кои беа определени за вечен живот. И Господовото слово се распространуваше по целиот крај. Но Јудејците, откако ги наговорија благочестивите и угледни жени и градските првенци, поттикнаа гонење против Павле и Варнава, и ги истераа од својот крај. Тие, го истресоа правот од своите нозе на нив, и дојдоа во Иконија. А учениците се исполнија со радост и со Светиот Дух. Во Иконија тие заедно влегоа во јудејската синагога, и зборуваа така што големо мноштво Јудејци и Елини по­веруваа. А Јудејците, што не поверуваа, ги побунија и раздразнија душите на нез­набошците против браќата. Но тие сепак останаа тука доста вре­ме и смело говореа за Господ, Кој све­дочеше за словото на Својата благодат, давајќи преку нивните раце да се случуваат знаци и чуда. А народот во градот се раздели: ед­ни беа со Јудејците, а други со апосто­ли­те. И кога незнабошците и Јудејците, со своите началници се подготвуваа дрско да ги навредуваат и да ги каменуваат, тие, штом разбраа, се засолнија во ликаонските градови Листра и Дерва и во нивната околина; и таму благовестеа. Во Листра седеше еден човек, не­мо­ќен во нозете, куц од мај­чи­на­та утроба, кој никогаш не можел да оди. Тој слушаше додека Павле зборува­ше; а Павле, го впери погледот во него и виде дека тој има вера за да оздрави, па му рече со силен глас: „Исправи се на своите нозе!“ И тој скокна и почна да оди. А кога народот виде што направи Павле, го подигна гласот и из­ви­ка на ликаонски: „Боговите слегле кај нас во човечки лик!“ И Варнава го нарекоа Зевс, а Павле Хермес, бидејќи тој го водеше зборот. Жрецот, пак, на Зевс, чиј кип се наоѓаше пред нивниот град, до­ве­де јунци и донесе венци пред портата, и сакаше заедно со народот да принесе жртва. Но кога апостолите Варнава и Павле слушнаа за тоа, ги раскинаа своите облеки и се втурнаа меѓу народот, гласно викајќи: „Луѓе, зошто го правите ова? И ние сме смртни луѓе како и вие, но ви благовестиме за да се одвратите од овие празноверија кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив; Кој во минатите поколенија ги остави сите на­роди да одат по своите патишта, па сепак не се остави Себеси непосведочен, правејќи добро, давајќи ви дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги нашите срца со храна и веселба.“ И зборувајќи за ова, одвај го убедија народот да не им принесува жртва. Тогаш, од Антиохија и од Иконија пристигнаа некои Јудејци. И кога го придобија народот, го каменуваа Павле, па го извлекоа надвор од градот, мислејќи дека е мртов. Кога учениците се собраа околу него, тој стана и се врати во градот. Утре­дента со Варнава заминаа за Дерва. И, откако го проповедаа благовестието во тој град и придобија мнозина ученици, се вратија во Листра, Иконија и Антиохија. Тие ги зацврстуваа душите на уче­ниците и, храбрејќи ги да бидат истрај­ни во верата, ги учеа дека во царството Божјо треба да влеземе преку многу ма­ки. Па, откако им ракоположија презвитери за секоја црква, се помолија со пост, и ги предадоа на Господ, во Кого беа поверувале. А потоа минаа низ Писидија, и дојдоа во Памфилија; и, откако го проповедаа словото во Перга, слегоа во Аталија, а оттаму отпловија за Антиохија, од каде што беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија. По нивното пристигнување тие ја собраа црквата, и соопштија за сѐ, што направи Бог со нив и како Тој ја отвори вратата на верата и за незна­бош­ци­те. И таму поминаа доста време со учениците. А некои слегоа од Јудеја и ги подучуваа браќата: „Ако не се обрезете според Мојсеевиот обичај, не може да бидете спасени!“ А бидејќи настана расправија, и Павле и Варнава жестоко се препираа со нив, беше одлучено Павле, Варнава и некои дру­ги од нив да отидат горе кај апостолите и старешините во Ерусалим заради оваа препирка. Тогаш тие, испратени од црквата, па­туваа низ Феникија и Самарија, и раскажувајќи за преобраќањето на незна­бошците, предизвикуваа голема радост кај сите браќа. А кога пристигнаа во Ерусалим, беа примени од црквата, од апостолите и од ста­ре­шините, и им раскажаа за сѐ што Бог на­прави со нив и како ја отвори вратата на верата и за незнабошците. Тогаш станаа некои од при­вр­за­ни­ци­те на фарисеите, што беа поверувале, и зборуваа дека тие треба да се обрезува­ат, и да им се заповеда да го пазат Мојсеевиот за­ко­н. Апостолите и старешините се собраа да го разгледаат тоа прашање. По долго расправање, стана Петар и им рече: „Луѓе, браќа, вие знаете дека Бог од првите денови ме избра меѓу вас, за незнабошците од мојата уста да го слушнат словото на благовестието и да поверуваат; и Бог, Кој ги познава срцата, им пос­ведочи, и им Го даде Светиот Дух како и нам. И не правејќи никаква разлика ме­ѓу нас и нив, со верата им ги очисти срцата. Сега, пак, зошто Го искушувате Бо­га, ставајќи им на вратот на учениците јарем, што не можеа да го поднесат ни нашите татковци, а не можеме ниту ние. Но ние веруваме дека ќе се спасиме преку благодатта на Господ Исус, исто ка­ко и тие.“ Тогаш замолкна сето мноштво и ги слушаа Варнава и Павле, кои при­кажуваа какви знаци и чуда направил Бог преку нив меѓу незнабошците. А кога тие завршија, проз­бо­ре Јаков и рече: „Луѓе, браќа, слуш­нете ме! Симон изложи како Бог најнапред ги посети незнабошците, за да избере од нив народ за Своето име; и тоа е во склад со зборовите на пророците како што е напишано: ’Потоа ќе се вратам и пак ќе ја подигнам паднатата скинија на Давид, и не­јзините урнатини ќе ги поправам и ќе ја издигнам, за да Го побараат Господ и останатите луѓе и сите народи, кои се наречени со Моето име.‘ Така вели Господ, Кој го прави сето ова. Познати Му се на Бога сите Негови дела од века. Затоа јас мислам да не им се отежнува на незнабошците, кои се обраќаат кон Бога, туку да им се напише да се чуваат од осквернување преку идоли, блуд, удавено и крв. Зашто уште од старо време во секој град има луѓе, кои го про­по­ве­даат Мојсевиот Закон, бидејќи го читаат по синагогите секоја сабота.“ Тогаш апостолите и старешините заедно со целата црква одлучија да ги изберат меѓу себе Јуда, наречен Вар­сава, и Сила, истакнати мажи меѓу бра­ќата, и заедно со Павле и Варнава да ги пратат во Антиохија. И преку нив им го напишаа следново писмо: „Апостолите, старешините и браќата ги поздравуваат бра­ќата, некогашни незнабошци, што се во Антиохија, Сирија и Киликија. Слушнавме дека некои од нас, на кои ништо не сме им заповедале, ве вознемириле со збо­рови, и ги потресле вашите ду­ши, велејќи ви да се обрезувате и да го пазите Законот. Затоа ние едно­душно одлучивме да избереме луѓе и да ги пратиме кај вас заедно со нашите возљубени Варнава и Павле, луѓе, кои ги предадоа своите души за името на нашиот Господ Исус Хрис­тос. И така, ние ви ги пративме Јуда и Сила, кои ќе ви го кажат тоа и усмено. Зашто угодно му беше на Светиот Дух и нам да не ви ставаме никаков друг товар, освен она што е неопходно: да се воздржувате од жртвуваното на идоли, од крв, од уда­вено, и од блуд. Ако внимавате на ова, добро ќе направите. Останете со здравје!“ И така, испратените пристигнаа во Антиохија и кога го собраа народот, му го предадоа посланието. А кога тие го прочитаа, се зарадуваа поради утешниот збор. Јуда, пак, и Сила, кои и самите беа пророци, со многу зборови ги утешија браќата и ги поткрепија. Откако престојуваа таму некое вре­ме браќата ги отпуштија со мир за да се вратат кај оние што ги беа испратиле кај апостолите. Но, Сила одлучи да остане. Павле, пак, и Варнава се задржаа во Антиохија, поучувајќи и благовестеј­ќи го словото Господово заедно со мно­зина други. По неколку дена Павле му рече на Варнава: „Ајде да се вратиме во сите гра­до­ви, каде што го проповедавме Господовото слово и да видиме како се нашите браќа.“ А Варнава сакаше да го земат со себе и Јован, наречен Марко. Но Павле сметаше дека не доликува да го земат со себе оној што се беше одделил од нив во Памфилија и не беше пошол со нив по работата, за која беа пратени. Поради тоа дојде до жестока расправија, така што тие се разделија еден од друг; и Варнава, откако го зеде Марко, отплови за Кипар; а Павле, пак, го избра Сила и замина, предаден од браќата на Божјата бла­годат. И, минувајќи низ Сирија и Ки­ли­ки­ја, ги утврдуваше црквите. Тој пристигна во Дерва и Листра. И ете, таму имаше еден ученик, по име Тимотеј, син на некоја жена Ју­деј­ка, која поверувала, и на татко Елин; тој ученик беше докажан меѓу браќата во Листра и Иконија. А Павле сакаше тој да тргне со него, и откако го зеде, го обреза поради Јудејците, кои живееја по тие места; зашто сите знаеја дека татко му е Елин. И додека минуваа низ градовите, тие им порачуваа на верните да пазат на од­редбите, определени од апостолите и старешините во Ерусалим. И така, црквите се утврдуваа во ве­ра­та, и нивниот број секојдневно се зголемуваше. Така тие ги преминаа Фригија и Галатискиот крај, зашто беа спречени од Светиот Дух да го проповедаат словото во Азија. А кога дојдоа во Мизија, се обидоа да отидат во Витинија; но Духот не ги пушти. И кога ја напуштија Мизија, тие слегоа во Троада. Преку ноќта Павле имаше видение: пред него стоеше еден човек, Ма­ке­до­нец, кој го молеше и му велеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“ По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфа­тив­ме дека Господ нѐ повикал таму да го разгласуваме благовестието. И така, откако отпловивме од Тро­ада, стигнавме право во Самотраки, а утредента – во Неапол, и оттаму во Филипи, римска колонија и главен град на тој дел од Македонија. Во тој град престојувавме не­колку дена. А во саботата излеговме надвор од градот покрај една река, каде што претпоставувавме дека се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени. И една богобојазлива жена од градот Тиатир, по име Лидија, која продаваше пурпурни ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на она, што го зборуваше Павле. А кога беше крстена таа со нејзини­те домашни, нѐ замоли и рече: „Ако сте ме признале за верна на Господ, тогаш влезете во мојата куќа и престојувајте во неа!“ И нѐ принуди. Еднаш, кога одевме на молитва, по патот нѐ сретна една слугинка, која имаше гатачки дух. Таа на своите господари им донесуваше големи приходи од гатањето. И одејќи по Павле и по нас другите викаше, зборувајќи: „Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог! Тие ни го навестуваат патот на спасението.“ Таа ова го правеше многу денови. И кога му здодеа на Павле, тој се сврте и му рече на духот: „Ти заповедам во име­то на Исус Христос – излези од неа!“ И излезе во истиот час. Штом видоа нејзините господари дека пропадна надежта за нивното бо­га­тење, ги фатија Павле и Сила, и ги дов­лечкаа на плоштадот кај началниците. И кога ги приведоа пред управ­ни­ци­те, рекоа: „Овие луѓе, што се Јудејци, го бунат нашиот град и проповедаат обичаи што нам, ка­ко Римјани, не ни доликува ниту да ги примаме, ниту да ги извршуваме.“ Тогаш народот се нафрли на нив; а управителите, штом им ги раскинаа алиштата, започнаа да ги тепаат со стапови; и, откако многу ги испотепаа, ги фрлија в затвор, а на затворскиот стра­жар му наредија да ги чува добро. Тој, штом прими таква за­повед, ги фрли во внатрешниот дел од затворот и нозете им ги стегна во клада. На полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Му пееја благодарствени песни на Бога, а затворени­ци­те ги слушаа. Одеднаш настана голем потрес, та­ка што и темелите на затворот се по­местија, и веднаш се отворија сите вра­ти и оковите на сите отпаднаа. А стражарот на затворот, кога дој­де при свест и ги виде вратите на зат­во­рот отворени, извади меч и сакаше да се убие, зашто помисли дека зат­во­ре­ни­ци­те избегале. Но Павле викна со силен глас и ре­че: „Не прави си никакво зло, бидејќи сите сме овде!“ А тој побара светло, се стрча и рас­тре­перен падна пред Павле и Сила; па, откако ги изведе надвор, рече: „Господа, што треба да направам за да се спасам?“ А тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус Христос, и ќе се спасиш ти и твојот дом!“ И му го проповедаа словото Гос­по­дово нему и на сите што беа со него во неговата куќа. Во истиот час таа ноќ тој ги зеде и им ги изми раните. Потоа вед­наш беше крстен тој самиот и сите не­гови домашни. Тогаш ги одведе во својата ку­ќа, постави трпеза и се зарадува со це­лиот свој дом, зашто поверува во Бога. А кога осамна, началниците пратија судски служители, кои рекоа: „Пушти ги оние луѓе!“ Затворскиот стражар му соопшти за тоа на Павле: „Управниците пра­тија да ве ослободам. Затоа, сега излезете и одете си со мир!“ Но Павле им рече: „Зарем откако нас, римски граѓани, нѐ тепаа пред на­ро­дот без суд и нѐ фрлија в затвор, са­каат сега тајно да нѐ пуштат? Не, нека дојдат и сами нека нѐ изведат!“ Судските служители им го соопштија тоа на управниците; а тие се упла­шија, кога слушнаа дека тоа се римски граѓани. Па дојдоа и им се извинија и, откако ги изведоа, ги замолија да излезат од гра­дот. А тие, штом излегоа од затворот, отидоа кај Лидија, ги видоа браќата, ги утешија и си заминаа. Минувајќи преку Амфипол и Аполонија, дојдоа во Солун, ка­де што имаше јудејска синагога. Павле, по својот обичај, влезе кај Јудејците и три саботи по ред им збору­ва­ше од Писмата. Тој им објаснуваше и докажуваше дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите. И велеше: „Исус, Кого јас ви Го проповедам, е Христос“. И некои од нив поверуваа и се при­соединија кон Павле и Сила, – големо мноштво побожни Елини, а исто така и не малку угледни жени. Но некои од Јудејците што не поверуваа, поттикнати од завист, зедоа некои лоши луѓе од пазарите и, собирајќи толпа, го разбунтуваа градот. Потоа ја нападнаа Јасоновата куќа и почнаа да ги бараат за да ги изведат пред народот. А бидејќи не ги најдоа, ги изведоа Јасон и некои од браќата пред градските на­чалници и викаа дека оние што го по­бу­ниле целиот свет сега дошле и тука, де­ка нив ги прибрал Јасон, а сите тие пос­та­пуваат спротивно на заповедите на цезарот, велејќи дека има друг цар – Исус. Па ги вознемирија народот и градските началници, кои го слушаа тоа. Но тие, откако добија залог од Јасон и од другите, ги пуштија. А браќата веднаш преку ноќта ги испратија Павле и Сила кон Верија. А кога тие пристигнаа, отидоа во јудејската синагога. Овие беа поблагородни од солун­јани­те; тие сесрдно го примија словото и секој ден ги проверуваа Писмата, за да се уверат, дали тоа е та­ка. И мнозина од нив поверуваа – од угледните жени Елинки и не мал број мажи. Но штом солунските Јудејци дознаа дека Павле и во Верија го проповеда словото Божјо, дојдоа таму за да го вознемират народот. Тогаш браќата веднаш го испратија Павле да оди кон морето, а Сила и Тимотеј ос­танаа таму. Оние, што го придружуваа Павле, го доведоа до Атина и се вратија со заповед од него до Сила и Тимотеј, да дојдат и тие поскоро кај него. И додека Павле ги чекаше во Атина, неговиот дух се вознемируваше, гле­дајќи го градот, полн со идоли. Тој разговараше во синагогата со Јудејците и побожните, но и со оние што секојдневно ги среќаваше на плоштадот. Некои, пак, епикурејски и стоички филозофи почнаа да се препираат со него; едни велеа: „Што сака да каже овој празнословец?“, а други: „Се чини дека тој проповеда туѓи божества“, заш­то им благовестеше за Исус и за воскресението. И зедоа, та го одведоа на Аре­опа­гот, велејќи: „Ќе можеме ли да дознаеме какво е тоа ново учење што го проповедаш? Бидејќи нешто непознато внесуваш во нашите уши. Затоа сакаме да дознаеме што е тоа.“ А сите атињани, како и ту­ѓин­ците, кои живееја кај нив, во ништо друго не сакаа да го поминуваат времето освен во тоа да зборуваат или да слу­шаат за нешто ново. Тогаш Павле застана сред Аре­опа­гот и рече: „Луѓе атињани, по сѐ гледам дека сте побожни. Зашто, кога минував и ги разгледував вашите светилишта, најдов и жрт­ве­ник, на кој беше напишано: ’На непознатиот Бог.‘ Токму за Него, Кого вие Го почитувате без да Го знаете, јас ви проповедам. Бог, Кој го создаде светот и сѐ, што е во него, Кој е Господар на небото и на земјата, не живее во ракотворени храмови, ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, зашто Сам на сите им дава живот, здив и сѐ. Од една крв го создаде сиот човечки род за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и области на нивните живе­алишта, за да Го бараат Господ, та да би можеле некако да Го насетат и најдат, иако Тој не е далеку од секого од нас: зашто во Него живееме, се движиме и сме, како што рекле и некои од вашите поети: ’Зашто и Негов род сме.‘ И така, бидејќи сме Божји род, не треба да мислиме дека Божеството личи на злато, или сребро, или камен, обработени од човечка умешност. Но Бог, не осврнувајќи се на вре­мињата на незнаење, сега на сите луѓе насекаде им заповеда да се покаат, зашто определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите, воскреснувајќи Го од мртвите.“ Кога чуја за воскресението од мрт­вите, едни се исмеваа, а други рекоа: „Другпат ќе те слушаме за тоа.“ И тогаш Павле си отиде откај нив. А некои луѓе се присоединија кон него и поверуваа. Меѓу нив беа Ди­они­сиј Ареопагит и една жена, по име Дамара, и други со нив. Потоа Павле ја напушти Атина и дојде во Коринт. Тука сретна еден Јудеец, по име Акила, родум од Понт, кој неодамна дошол од Италија со својата жена Прискила, зашто Клавдиј беше наредил сите Јудејци да го напуштат Рим. Павле дојде кај нив. И бидејќи го имаше истиот занает, остана кај нив и работеше. А занаетот им беше да прават шатори. И секоја сабота тој зборуваше во си­нагогата и ги убедуваше Јудејците и Елините. А кога Сила и Тимотеј пристигнаа од Македонија, Павле беше поттикнат од својот дух да сведочи пред Јудејците дека Исус е Христос. Но, бидејќи тие се противеа и хулеа, тој ги истресе алиштата и им рече: „Крвта ваша – на главите ваши! Јас сум чист. Отсега одам кај незнабошците.“ И штом замина оттаму, дојде во домот на некој човек по име Јуст, кој Го почитуваше Бога, и чија куќа бе­ше до синагогата. А Крисп, началникот на синагогата, поверува во Господ заедно со целиот свој дом; и мнозина Коринтјани, слу­шајќи поверуваа и беа крс­тени. И Господ му рече на Павле ноќе во видение: „Не плаши се, туку продолжи да зборуваш и не замолкнувај, зашто Јас сум со тебе, и никој не ќе посегне да ти направи зло, бидејќи имам многу народ во овој град.“ Таму тој отседна една година и шест месеци и ги поучуваше во словото Божјо. А кога Галион беше проконзул во Ахаја, Јудејците еднодушно го нападнаа Павле и го одведоа на суд, велејќи: „Тој ги убедува луѓето да Го почитуваат Бога спротивно на Законот“. И кога Павле сакаше да одговори, Галион им рече на Јудејците: „Ако имаше некоја неправда или лукаво злодело, о, Јудејци, ќе ми беше должност да ве ислушам; но, штом е препирката за учење и за имиња, и за вашиот Закон, видете си сами, зашто јас не сакам да бидам су­дија во тие работи.“ И ги истера од судот. Тогаш сите Елини го фатија Сос­тен, началникот на синагогата, и го тепаа пред судот, а Галион и не обрнуваше внимание на тоа. А Павле, откако помина таму уште многу време, се прости со браќата и заедно со Прискила и Акила отплови за Сирија, откако ја острижа главата во Кенхреја, бидејќи беше дал завет. Кога пристигна во Ефес, нив ги остави таму, а тој влезе во синагогата да разговара со Јудејците. А кога тие го замолија да остане кај нив подолго време, тој не се согласи, туку се прости со нив и рече: „Секако празникот што доаѓа треба да го поминам во Ерусалим. Ако даде Бог, пак ќе дојдам кај вас.“ И отплови од Ефес. Кога слезе во Кесарија, отиде во Ерусалим да ја поздрави црквата и по­тоа замина за Антиохија. Откако престојуваше таму некое време, тргна на пат и ги обиколи со ред пределите на Галатија и Фригија и ги утврдуваше сите ученици. И дојде во Ефес некој Јудеец, учен човек, утврден во Писмата, по име Аполос, родум од Александрија. Тој беше упатен во патот Господов и со голем жар зборуваше и поучу­ва­ше правилно за Господ, иако знаеше са­мо за Јовановото крштение. Тој почна да зборува смело во сина­го­гата. Кога го слушнаа Акила и Прис­кила, го примија кај нив и поточно му го изло­жија патот Господов. А кога тој сакаше да замине за Ахаја, браќата го охрабрија и им пишаа на тамошните ученици, за да го примат; и тој кога стигна таму, многу им помогна на оние што поверуваа преку благодатта, бидејќи силно и јавно ги побиваше Ју­деј­ци­те, докажувајќи пре­ку Писмата дека Исус е Христос. Додека Аполос беше во Коринт, Павле мина низ горните земји и дојде до Ефес. Таму сретна некои ученици, и им рече: „Кога поверувавте, Го при­мив­те ли Светиот Дух?“ А тие му одгово­рија: „Ние не сме ни слушнале дека има Свет Дух.“ Тој им рече: „А како бевте крс­те­ни?“ Тие одговорија: „Со Јовановото крштение.“ Павле рече: „Јован крштеваше со покајно крштевање, велејќи му на наро­дот да верува во Оној, Кој доаѓа по него, односно во Исус Христос.“ Кога го слушнаа тоа, тие се крстија во името на Господ Исус. И кога Павле ги положи рацете на нив, Светиот Дух слезе на нив. Тогаш тие почнаа да зборуваат на разни јазици и да пророкуваат. А вкупно беа околу дванаесет души. Потоа Павле влезе во синагогата, и тука три месеци смело проповедаше, разговарајќи со нив и убедувајќи ги за царството Божјо. Но, бидејќи некои беа тврдоглави и непокорни, и лошо зборуваа за патот Господов пред народот, Павле се оддели од нив, ги одвои уче­ни­ците и секојдневно расправаше во учи­лиштето на некој Тиран. Тоа траеше цели две години, така што сите жители на Азија, како Ју­деј­ците, така и Елините, можеа да го слу­шаат словото за Господ Исус. А Бог правеше исклучителни чуда преку Павловите раце, така што врз болните полагаа крпи и престилки, што го беа доп­ре­ле неговото тело, и болестите ги на­пуштаа, а злите духови излегуваа од нив. Некои, пак, од Јудејците кои скитаа наоколу и ги истеруваа злите духови, се обидоа да го повикаат името на Господ Исус над оние кои беа обземени од зли духови, и велеа: „Ве заколнуваме во Исус, Кого Го проповеда Павле!“ Тоа го правеа и седумте сина на јудејскиот првосвештеник Скева. А злиот дух одговори и рече: „Исус Го познавам и Павле го знам; но кои сте вие?“ И човекот, во кого имаше зол дух, скокна на нив, ги совлада и покажа против нив таква сила, што тие, го­ли и ранети, побегнаа од таа куќа. За тоа разбраа сите Јудејци и Ели­ни, кои живееја во Ефес, и сите нив ги обзеде страв; и името на Господ Исус се величаше. И многумина од оние што поверуваа доаѓаа, та се исповедаа и ги откриваа своите дела. А мнозина од оние, кои правеа ма­гии, ги донесоа своите книги и ги изгореа пред сите, па дури ја пресметаа и нивната цена и утврдија дека чинат педесет ил­јади сребреници. Така Господовото слово моќно растеше и се засилува­ше. А кога се заврши тоа, Павле намисли, откако ќе ги мине Македонија и Ахаја, да оди во Ерусалим, па рече: „Откако ќе престојувам таму, ќе треба да го видам Рим.“ И прати во Македонија двајца свои помошници – Тимотеј и Ераст, а самиот остана извесно време во Азија. Во тоа време се дигна голем бунт против Господовиот пат: некој златар, по име Димитриј, кој правеше сребрени храмови за Арте­мида и на занаетчиите им овоз­мо­жу­ва­ше со тоа не мала заработувачка, ги повика нив, а и други работници кои работеа околу такви работи, и им рече: „Мажи, познато ви е дека од таа работа зависи нашата благосостојба. А, гледате и слушате дека не само во Ефес, туку скоро во цела Азија, тој Павле убеди и заведе доста народ, ве­леј­ќи дека не се богови оние што се прават од човечки раце. Затоа постои опасност не само нашиот занает да биде презрен, туку и храмот на великата божица Артемида да се смета за безвреден, и да пропадне ве­личието на онаа, која ја почитува цела Азија и светот.“ Кога го слушнаа тоа, се исполнија со гнев, и почнаа да извикуваат велејќи: „Велика е Артемида Ефеска!“ И целиот град се побуни, па едно­душ­но се втрчаа во театарот, влечејќи ги со себе Македонците Гај и Аристарх, Пав­ловите сопатници. А кога Павле сакаше да влезе меѓу народот, учениците не го пуштија. Исто така и некои од азиските на­чал­ници, бидејќи му беа пријатели, ис­пратија кај него луѓе и го молеа да не се појавува во театарот. И така, едни извикуваа едно, други – друго; зашто меѓу насобраните вла­дееше безредие, и повеќето од нив не знаеја за што се беа собрале. По предлог на Јудејците, од народот беше повикан Александар. Тој даде знак со рака, сакајќи да одржи одбранбен говор пред народот. Но кога дознаа дека е Јудеец, сите едногласно почнаа да викаат околу два часа: „Велика е Артемида Ефеска!“ Кога градскиот писар конечно го смири народот, рече: „Луѓе ефесјани, кој човек не знае дека градот Ефес е чувар на ве­ликата божица Артемида и на нејзиниот кип паднат од небото? Па штом тоа е неспорно, вие тре­ба да бидете мирни и да не правите ништо непромислено. А вие сте ги довеле овие луѓе, кои ниту храмот го ограбиле, ниту, пак, ја хулат вашата божица. Ако, пак, Димитриј и занаетчиите, што се со него, имаат спор со некого, постојат судови, а има и проконзули: нека се тужат едни со други. Ако, пак, барате нешто друго, тоа ќе биде решено во законското собрание. Зашто постои опасност да бидеме обвинети за бунт поради денешнава ра­бота, бидејќи нема никаква причина, со која можеме да го оправдаме овој со­бир.“ Штом го рече тоа, го распушти собирот. Кога стивна вревата, Павле ги повика учениците и, откако се прости со нив, излезе и тргна за Македонија. А откако ги мина оние места и ги охрабри верните со многу зборови, пристигна во Грција; таму остана три месеци. И бидејќи Јудејците направија заговор против него, кога сакаше да отплови за Сирија, тој реши да се врати преку Македонија. А со него дури до Азија одеа: Сопа­тар, од Верија, а од солунјаните Аристарх и Секунд, Гај од Дерва и Ти­мотеј, и азијците Тихик и Трофим. Тие отидоа порано и нѐ чекаа во Троада. А ние отпловивме од Филипи по деновите на Бесквасници и за пет дена пристигнавме кај нив во Троада, каде што останавме седум дена. И во првиот ден на седмицата, кога се собравме заедно со учениците за да прекршиме леб, Павле беседеше со нив, и бидејќи утредента сакаше да отпатува, го продолжи сло­вото до полноќ. Во горната соба, каде што се бевме собрале, имаше доста светилки. А едно момче, по име Евтих, седеше на прозорецот, и, совладано од дла­бок сон, додека Павле зборуваше многу, потона во сонот и падна долу од третиот кат, и го дигнаа мртво. Но Павле слезе и се фрли врз него, го прегрна и рече: „Не се вознемирувајте, зашто неговата душа е уште во него!“ А потоа, откако се качи горе, пре­крши леб, јадеше и долго зборуваше, дури до зори, а потоа отпатува. Тогаш го доведоа момчето живо и тоа многу ги утеши. Ние отидовме порано со кораб и от­пловивме во Асос, од каде што требаше да го земеме Павле, како што ни порача, зашто са­ка­ше до таму да отиде пеш. Кога ни се придружи во Асос, го зе­довме во коработ и дојдовме во Мити­лина. А кога отпловивме оттаму, наредниот ден застанавме спроти Хиос, а следниот ден стигнавме во Самос и, откако престојувавме во Трогилија, наредниот ден дојдовме во Милит. Павле беше решил да го одмине Ефес, за да не се задржи мно­гу во Азија, зашто се брзаше, ако е можно, да стигне во Ерусалим за денот на Педесетница. А од Милит прати во Ефес да ги повика црковните старешини. И кога дојдоа кај него, тој им рече: „Вие знаете дека од првиот ден, откако дојдов во Азија, го минував времето со вас, служејќи Му на Господ со големо смиреномудрие и многу солзи, и иску­ше­нија, што ми се случуваа поради заговорите на Јудејците; дека не пропуштив да ви соопштам ништо од она што е полезно и да ве поучувам и на јавни места и по куќите, сведочејќи им и на Ју­деј­ците и на Елините за покајание во Бога и вера во нашиот Господ Исус Христос. И ете, сега, поттикнат од Духот, одам во Ерусалим, не знаејќи што ќе ми се случи таму, освен за она, кое Светиот Дух ми го посведочи по сите градови, кажувајќи ми дека ме чекаат окови и маки. Но јас не се грижам за ништо, ниту, пак, ми е мил животот; доволно ми е само со радост да ги завршам патот и службата што ја примив од Господ Исус, да го посведочам благовестието на Божјата благодат. И сега, ете, јас знам дека нема веќе да го видите моето лице сите вие, меѓу кои одев и го проповедав царството Божјо. Затоа во денешниов ден ви све­дочам дека сум чист од крвта на сите, бидејќи не се притеснував да ви ја со­оп­штам во целост волјата Божја. Затоа внимавајте на себе и на целото стадо, во кое Светиот Дух ве постави за епископи, за да бидете пастири на црквата на Господ и Бог, која Тој ја придоби со Својата крв. Бидејќи знам дека по моето заминување ќе навлезат меѓу вас лути волци, кои нема да го штедат стадото; а и од вас самите ќе произлезат лу­ѓе, што ќе зборуваат искривено, за да ги одвлечат учениците заедно со себе. Затоа бидете будни и помнете дека цели три години ноќе и дење не прес­та­нував со солзи да поучувам секого од вас. А сега, браќа, ве предавам на Бога и на словото од Неговата благодат, кое може да ве изгради подобро и да ви даде наследство меѓу сите осветени. Од никого не побарав ни сребро, ни злато, ниту, пак, облека; сами знаете дека за моите и потребите на оние што беа со мене, ми пос­лу­жи­ја овие мои раце. Со сѐ ви покажав дека така треба да се трудите, да им помагате на не­моќ­ните, и да ги помните збо­ро­вите на Господ Исус, зашто Тој Сам рече: ’Поблажено е да се дава, отколку да се зема.‘“ Кога го рече тоа клекна на колена и се молеше заедно со сите нив. Тогаш сите силно заплакаа и прегрнувајќи го Павле околу вратот, го цели­ваа, нажалени најмногу од тоа што рече дека нема веќе да го видат неговото лице. И го испратија до коработ. И штом се одделивме од нив отпловивме. Пловејќи стигнав­ме право во Кос, а следниот ден во Ро­дос, и оттаму во Патара. Таму откако најдовме кораб, кој заминуваше за Феникија, се качивме и отпловивме. Штом го наѕревме Кипар, го оставивме одлево и запловивме кон Сирија. Се симнавме во Тир, зашто таму тре­ба­ше коработ да се растовари. И откако ги најдовме учениците, таму останавме седум дена. Тие, поттикнати од Духот, му велеа на Павле да не вле­гува во Ерусалим. А кога изминаа деновите, излеговме и продолживме со патот, а сите нѐ испраќаа со жените и децата сѐ до крајот од градот. На брегот, пак, паднавме на колена и се помоливме. И штом се простивме еден со друг, влеговме во коработ, а тие се вратија во своите домови. А ние, откако отпловивме од Тир, стигнавме во Птолемаида, каде ги поздравивме браќата и кај нив ос­та­навме еден ден. Утредента, Павле и ние кои бевме со него, отпатувавме и дојдовме во Кеса­рија. Таму влеговме во куќата на Филип благовесникот, кој беше еден од седумтемина ѓакони, и останавме кај него. Тој имаше четири ќерки девици, кои пророкуваа. Откако престојувавме кај нив многу денови, од Јудеја слезе еден пророк, по име Агав. Кога дојде кај нас, го зеде Пав­ло­виот појас, па ги врза своите нозе и раце и рече: „Ова го вели Светиот Дух: вака Јудејците во Ерусалим ќе го врзат оној маж, кому му припаѓа овој појас, и ќе го предадат во рацете на нез­набошците.“ Штом го чувме тоа, и ние и та­мош­ните го молевме да не се качува во Еру­салим. Но Павле одговори: „Што правите, та плачете и ми го кинете срцето? Зашто јас сум подготвен не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господ Исус.“ А бидејќи тој не се премисли, ние замолкнавме и рековме: „Нека биде Господовата волја!“ А откако изминаа овие денови, се подготвивме за пат и се искачивме во Еру­салим. Со нас дојдоа и некои ученици од Кесарија, кои нѐ одведоа кај некој Мнасон од Кипар, одамнешен ученик, кому требаше да му бидеме гости. Кога пристигнавме во Ерусалим, браќата нѐ примија со радост. Следниот ден Павле влезе со нас кај Јаков, а дојдоа и сите старешини. И откако ги поздрави, Павле им раскажа сѐ по ред што направил Бог меѓу незнабошците преку неговата служба. А тие, кога слушнаа, Го прославија Господа. Тогаш му рекоа: „Гледаш, брате, колку илјадници Јудејци поверуваа, и сите тие ревнуваат за За­конот. А за тебе им е зборувано дека ги учиш сите Јудејци, кои се меѓу незнабошците, да отстапуваат од Мој­сеј, велејќи им да не ги обрезуваат своите чеда­, и да не постапуваат по оби­ча­ите. И што да се прави сега? Сигурно ќе дојде многу народ, зашто ќе слушнат дека си дошол. Затоа, направи како што ти велиме: кај нас има четворица мажи што на себе зеле завет. Земи ги, очисти се заедно со нив и плати им да си ги истрижат главите; така сите ќе разберат дека она што го слушнале за тебе е ништовно, туку дека и самиот жи­вееш според Законот и го пазиш. А за незнабошците што поверуваа, ние напишавме, изјаснувајќи се да не па­зат ништо такво, туку само да се воз­др­жуваат од идолски жртви, од крв, од удавено и од блуд.“ Тогаш Павле ги зеде тие луѓе, и следниот ден, от­како се очисти со нив, влезе во храмот и го објави денот во кој се навршуваат деновите на очистувањето и во кој требаше да се принесе жртва за секого од нив. А кога се навршуваа се­дум­те дена, Јудејците од Азија, штом го ви­доа во храмот го побунија целиот народ и ставија раце на него, викајќи: „Луѓе Израилци, помог­не­те! Ова е човекот кој насекаде ги учи сите против на­ро­дот, против Законот и против ова мес­то; па дури и Елини воведе во храмот и го оскверни ова свето мес­то.“ Бидејќи пред тоа во градот го беа виделе со ефесјанецот Трофим и мислеа дека Павле го вовел во храмот. Целиот град се вознемири, и народот се насобра. И кога го фатија Павле, го извлекоа надвор од храмот; и вратите веднаш се затворија. И кога сакаа да го убијат, пристигна вест до заповедникот на полкот дека цел Ерусалим се побунил. А тој веднаш зеде војници и стотници и се спушти кон нив; тие, кога ги ви­доа заповедникот и војниците, преста­наа да го тепаат Павле. Тогаш заповедникот се приближи, го фати и заповеда да биде окован со два синџира, па праша кој е тој и што направил. Од народот едни викаа едно, други – друго. А тој не можејќи да ја дознае вистината поради силната врева, запо­веда да го одведат во тврдината. А кога стигнаа до скалите, вој­ни­ци­те требаше да го штитат, поради насилие­то од толпата; бидејќи многу народ ги следеше и викаше: „Погуби го!“ Кога сакаа да го воведат во тврдината, Павле му рече на заповедникот: „Може ли да ти кажам нешто?“ А тој рече: „Зарем знаеш грчки? Не си ли ти оној Египќанин, кој пред неколку дена крена бунт и одведе во пустина четири илјади мажи разбој­ници?“ А Павле одговори: „Јас сум Јудеец од Тарс Киликиски, граѓанин на тој мошне познат град; те молам, дозволи да му проговорам на народот.“ А кога заповедникот му дозволи, Павле застана на скалите, му мавна со рака на народот, и, откако настана длабока тишина, почна да зборува на еврејски, велејќи: „Луѓе, браќа и татковци! Послушајте ја сега мојата одбрана пред вас.“ А кога слушнаа дека им зборува на еврејски јазик, уште повеќе замолкнаа. Тогаш тој рече: „Јас сум Јудеец, родум од Тарс Киликиски, но воспитан во овој град при нозете на Гамалиил, поучен точно спо­ред Законот на татковците и ревнител за Бога, како што сте и сите вие денес. Јас до смрт ги гонев приврзаниците на тоа учење, врзувајќи и предавајќи во затвор и мажи и жени. За тоа можат да посведочат прво­свеш­теникот и целото старешинство. Од нив примав и писма за браќата во Да­маск, каде одев за да ги доведам врзани во Ерусалим и оние кои беа таму, за да бидат каз­не­ти. Но, кога бев на пат и наближив кон Дамаск, околу пладне, одеднаш од не­бото ме осветли силна светлина. Јас паднав на земја и слушнав глас, кој ми зборуваше: ’Савле, Савле, зошто Ме гониш?‘ Јас, пак, одговорив: ’Кој си Ти, Гос­поди?‘ А Тој ми рече: ’Јас сум Исус Назареецот, Кого ти Го гониш.‘ Оние, кои беа со мене, ја видоа свет­лината и се уплашија; но гласот на Оној, Кој ми зборуваше, не го слушнаа. Тогаш реков: ’Што да правам, Гос­поди?‘, А Господ ми рече: ’Стани и оди во Дамаск, и таму ќе ти биде кажано сѐ, што ти е одредено да правиш.‘ И бидејќи од блесокот на таа свет­лина го изгубив видот, моите придружници ме поведоа за рака, и така ме одведоа во Дамаск. А некој Ананија, бла­го­чес­тив човек според Законот, докажан меѓу сите Јудејци во Дамаск, дојде кај мене, застана и ми рече: ’Брате Савле, прогледај!‘ И јас во истиот миг прогледав и го видов него. Тој ми рече: ’Бог на нашите татковци те определил да ја познаеш Неговата волја, да Го видиш Праведникот и да слушнеш глас од Неговата уста, зашто ќе Му бидеш сведок пред си­те луѓе за она што си видел и слушнал. И сега, што одолговлекуваш? Ста­ни, крсти се и измиј ги своите гревови, повикувајќи го името на Господ.‘ А кога се вратив во Ерусалим и се молев во храмот, токму кога бев во занес, Го видов како ми вели: ’Побрзај, из­лези од Ерусалим поскоро, зашто нема да го прифатат твоето сведоштво за Ме­не!‘ Јас, пак, одговорив: ’Господи, тие знаат дека јас ги затворав и претепував по си­на­гогите оние што веруваа во Тебе; и кога се пролеваше крвта на Сте­фан, Твојот сведок, таму стоев и јас и го одобрував неговото убиство, пазејќи ги алиштата на оние што го убиваа.‘ И ми рече: ’Оди! Бидејќи Јас те праќам да­леку – кај незнабошците.‘“ И сѐ до овој збор тие го слушаа, но потоа извикаа со силен глас: „Тргни го таквиот од земјата! Тој не треба да живее!“ И бидејќи тие викаа, мавтаа со своите алишта, та креваа прав во воздухот, заповедникот нареди да го водат во тврдината и порача да го испитуваат со камшикување, за да дознае зошто така викаат против него. Но, кога го растегнаа со ремења за да го камшикуваат, Павле му рече на стотникот, кој стоеше таму: „Зар ви е дозволено да камшикувате римски гра­ѓанин, и тоа без пресуда?“ Кога го слушна тоа стотникот, оти­де да го извести заповедникот, па му ре­че: „Што мислиш да правиш? Овој чо­век е римски граѓанин!“ Тогаш заповедникот се приближи до него и рече: „Кажи ми, римски гра­ѓанин ли си?“ Тој одговори: „Да.“ А заповедникот рече: „Тоа гра­ѓан­ско право јас сум го стекнал за многу големи пари.“ Павле, пак, рече: „А јас сум се родил како таков.“ И оние што сакаа да го испитуваат, веднаш отстапија од него. А заповед­ни­кот, кога дозна дека тој е римски гра­ѓанин, се уплаши зашто го беше врзал. Утредента, кога сакаше да дознае за што всушност го обвинуваат Ју­дејците, го ослободи од оковите и запо­веда да дојдат првосвештениците и це­лиот нивен Синедрион, па го доведе Павле долу и го постави пред нив. Павле го впери својот поглед кон Синедрионот и рече: „Браќа! Јас до овој ден со потполно чиста совест живеев пред Бога!“ А првосвештеникот Ананија им заповеда на оние што стоеја пред него, да го удрат по устата. Тогаш Павле му рече: „Бог ќе те удри тебе, ѕиду варосан! Ти седиш, за да ме осудиш според Законот, а заповедаш да ме удираат спротивно на Законот!“ А оние што стоеја пред него, рекоа: „Божјиот првосвештеник ли го навредуваш?“ Павле одговори: „Не знаев, браќа, дека тој е првосвештеник; бидејќи е на­пишано: ’Не зборувај лошо за началникот на твојот народ.‘“ А кога Павле забележа дека еден дел од нив се садукеи, а другиот – фарисеи, из­вика во Синедрионот: „Луѓе, браќа! Јас сум фарисеј, син на фарисеј; поради надежта во воскресение на мртвите ми се суди!“ Кога го кажа тоа, настана расправија меѓу фарисеите и садукеите, и мноштвото народот се подели. Зашто садукеите велат дека нема ни воскресение, ни ангел, ни дух; а фарисе­ите сето тоа го признаваат. Настана голема врева; и книжниците од фарисејската страна станаа и почнаа да се препираат, велејќи: „Ниш­то лошо не наоѓаме кај овој човек; ако, пак, нему му зборувал дух или ангел, тогаш да не Му се противиме на Бога.“ И бидејќи настана голема ме­ша­ни­ца, заповедникот, уплашен да не го растргнат Павле, им заповеда на војниците да слезат и да го грабнат од нив и да го одведат во тврдината. Наредната ноќ Господ застана до него и му рече: „Биди храбар, Павле! И како што све­дочеше за Мене во Ерусалим, така ќе треба да сведочиш и во Рим.“ А кога осамна, некои од Јудејците направија заговор и се заколнаа, велејќи дека ниту ќе јадат, ниту ќе пијат дури не го убијат Павле. А оние што ја направија оваа завера беа повеќе од четириесетмина. Па отидоа кај првосвештениците и старешините и рекоа: „Ветивме со клетва дека ништо нема да вкусиме додека не го убиеме Павле. Затоа сега, вие со Синедрионот, сооп­ште­те му на заповедникот да го доведе утре долу пред нас, небаре ќе сакате по­точно да го разгледате неговото дело; а ние, пред да наближи, ќе бидеме подготвени да го убиеме.“ Кога слушна за заседата синот на Павловата сестра, отиде, влезе во тврдината и му кажа на Павле. А Павле повика еден стотник и му рече: „Одведи го ова момче кај заповедникот, зашто има нешто да му каже.“ И тој го зеде, го одведе кај заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и замоли ова момче да го дове­дам кај тебе, зашто имало нешто да ти каже.“ А заповедникот го фати за рака, го тргна настрана и го праша: „Што е тоа што имаш да ми го кажеш?“ А тоа рече: „Јудејците се договорија да те молат да го одведеш утре Павле долу пред Синедрионот, небаре ќе са­ка­ат поточно да го испитуваат нешто во врска со неговото дело. Но ти не им верувај, зашто ќе го демнат повеќе од чети­ри­есетмина од нив, што се заколнале дека ниту ќе јадат, ниту ќе пијат дури не го убијат; уште сега се подготвени, го чекаат само твоето ветување.“ Тогаш заповедникот го пушти момчето да си оди и му порача: „Никому не ка­жувај дека си ми го соопштил ова!“ Потоа повика двајца стотници и рече: „Пригответе ми двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Кесарија во третиот час ноќеска; и пригответе добиток, за да го качат Павле и безбедно да го одведат до управникот Феликс!“ Напиша и писмо со оваа содржина: „Клавдиј Лисиј испраќа поздрав до многупочитуваниот управник Феликс. Овој човек го беа фатиле Јудејците и сакаа да го убијат; јас пристигнав со војска и го избавив, бидејќи разбрав де­ка е римски граѓанин. И сакајќи да ја дознаам причината, поради која го обвинуваат, го изведов пред нивниот Синедрион, и дознав дека го обвинуваат по пра­шања од нивниот Закон, но дека нема никаква вина, поради која би заслужил смрт или окови. А кога ми беше дојавено дека ќе има заговор од Јудејците против човекот, јас веднаш го пратив кај тебе, порачувајќи им и на обвинителите да кажат пред тебе што имаат против не­го. Остани со здравје!“ И така, војниците, според дадената им заповед, го зедоа Павле, и го одведоа ноќе во Антипатрида. Утредента тие се вратија во тврдината, а коњаниците ги оставија да одат со него. Тие, штом влегоа во Кесарија и му го предадоа писмото на управникот, му го претставија и Павле. Намесникот го прочита писмото и праша од која област е, и откако разбра дека е од Киликија, рече: „Ќе те сослушам, кога ќе дојдат и твоите обвинители.“ И заповеда да го чуваат во Иродовиот дворец. По пет дена прво­свеш­теникот Ананија слезе со старешините и со некој говорник Тертил, па излегоа пред управникот, обвинувајќи го Павле. А кога го повикаа, Тертил почна да го обвинува, велејќи: „Секогаш и насекаде со голема бла­годарност признаваме дека преку тебе, многупочитуван Феликсе, кај нас има полн мир, а преку твоите грижи – на овој народ му се дели вистинска правда. Но, за да не ти одземеме многу вре­ме, те молам накратко да нѐ сослушаш со твојата кротост. Утврдивме дека овој човек е чума и дека крева бунтови меѓу сите Јудејци по целиот свет и дека е водач на назарејската ерес. Тој се обиде дури и храмот да го ос­кверни. Затоа ние го фативме и сакавме да му судиме според нашиот Закон; но заповедникот Лисиј дојде и со голема сила го истргна од нашите раце, и го испрати кај тебе, откако заповеда и ние, неговите об­винители, да дојдеме кај тебе. Ти ќе мо­жеш сам да го испиташ и од него да доз­на­еш за што го обвинуваме.“ И Јудејците потврдуваа дека е така. А кога управникот му даде знак да зборува, Павле одговори: „Знаејќи дека многу години ти си судија на овој народ, со послободно срце ќе зборувам во моја одбрана. Ти можеш да дознаеш дека нема повеќе од дванаесет дена откако се ис­качив во Ерусалим на поклонение. И не ме најдоа ниту во храмот, ниту по синагогите, ниту, пак, во градот да спорам со некого, или да го бунтувам народот. Ниту, пак, тие можат пред тебе да го докажат она за што сега ме обвинуваат. Но ти признавам дека според уче­њето, кое тие го нарекуваат ерес, Му служам на Бога на нашите татковци, дека верувам во сѐ што е напишано во Законот и кај Пророците, дека се надевам на Бога, дека ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните, како што и тие самите очекуваат. Затоа и сам се трудам секогаш да имам чиста совест пред Бога и пред луѓето. По многу години дојдов да му донесам на мојот народ милостина и прино­си. Тогаш, кога се бев очистил, ме најдоа во храмот, без да има народ или метеж; Но, имаше некои Јудејци од Азија, кои требаше да се претстават пред тебе и да ме обви­нат, ако имаат нешто против мене. Или, пак, тие сами нека кажат дали во мене нашле некаква неправда, кога бев застанал пред Синедрионот, освен за овие зборови, кои, стоејќи пред нив, гласно ги изговорив: ’Вие денес ме су­ди­те поради воскресението на мртвите.‘“ Кога го слушна тоа Феликс, тој го одложи делото, бидејќи добро знаеше за тоа учење, и рече: „Ќе го разгледам де­лото кога ќе дојде заповедникот Лисиј.“ И му заповеда на стотникот да го пази Павле, но да му дава извесна слобода, и да не запира никого од неговите блиски да му служат, или да доаѓаат кај него. По неколку дена дојде Феликс со својата жена Друзила која беше Јудејка, па го повика Павле и слушаше од него за верата во Христос. А кога Павле зборуваше за правда, за воздржување и за идниот суд, Феликс се уплаши и одговори: „Сега оди си, а кога ќе најдам време, ќе те повикам.“ Притоа, се надеваше дека Павле ќе му даде пари за да го пушти; затоа чес­то го повикуваше и разговараше со не­го. Но кога изминаа две години, Фе­лик­с беше заменет од Порциј Фест. И бидејќи са­каше да им угоди на Јудејците, Феликс го остави Павле во окови. А Фест, откако пристигна во областа, по три дена отиде од Кесарија во Ерусалим. Тогаш првосвештеникот и јудејските првенци му ги изнесоа своите обвинувања против Павле, и го молеа, барајќи да им биде наклонет против него – да го прати во Ерусалим; а на патот подготвуваа заседа за да го убијат. Но Фест одговори дека Павле се чу­ва под стража во Кесарија, а и дека самиот тој скоро ќе отпатува таму. „Кои, пак, се влијателни меѓу вас, нека дојдат со мене, и ако овој човек има некаква вина, тогаш нека го обвинат.“ И откако остана кај нив не повеќе од десет дена, тој слезе во Кесарија, и утредента седна на судскиот стол и заповеда да го доведат Павле. А кога го доведоа, Јудејците што беа дошле од Ерусалим го обиколија и изнесоа против Павле многу тешки обвиненија, кои не можеа да ги до­ка­жат. А тој, во своја одбрана, рече: „Не извршив никаков престап ни против јудејскиот закон, ни против храмот, ниту, пак, против цезарот.“ Но Фест, сакајќи да им угоди на Јудејците, му одговори на Павле и рече: „Сакаш ли да одиш горе во Ерусалим и таму пред мене да ти се суди за тоа?“ А Павле одговори: „Стојам пред цезаровиот суд, каде што треба да бидам суден. На Јудејците не сум им згрешил ништо, како што и ти тоа многу добро го знаеш. Зашто, ако сум згрешил и сум на­правил нешто што заслужува смрт, јас не одбивам да умрам; но, ако нема ништо од тоа за што ме обвинуваат, тогаш никој не може да ме пре­даде на нив. Се повикувам на цезарот.“ Тогаш Фест, откако се посоветува со Советот, одговори: „Се повика ли на цезарот? Кај цезарот ќе појдеш.“ А откако минаа неколку дена, ца­рот Агрипа и Верникиј слегоа во Ке­сарија за да го поздрават Фест. И бидејќи таму останаа повеќе де­но­ви, Фест му го претстави на царот делото на Павле, ве­лејќи: „Феликс остави еден човек во затворот. Кога бев во Ерусалим, обвинение против него подигнаа првосвештениците и старешините на Јудејците и ме молеа да го осудам. Јас одговорив дека кај Римјаните не е вообичаено човек да се предаде на смрт пред обвинетиот да се соочи со обвинителите и да му се дозволи да се брани од обвинението. И кога дојдоа заедно овде, следниот ден, без никакво одлагање јас седнав на судискиот стол и заповедав да го доведат човекот; и кога обвинителите застанаа околу него, не изнесоа против него ниедно обвинение од оние што јас ги очекував; туку против него имаа некакви пре­пирки околу нивното верување и за некојси Исус, Кој умрел, а за Кого Пав­ле тврди дека е жив. А јас, не знаејќи што да правам со овој спор, го прашав дали сака да оди во Ерусалим и таму да му се суди за оваа работа. Но, бидејќи Павле побара да биде чуван до судската одлука на неговото височество, заповедав да го држат под стража, додека го пратам кај цезарот.“ Тогаш Агрипа му рече на Фест: „И самиот би сакал да го сослушам тој човек.“ А тој одговори: „Утре ќе го сослушаш.“ Утредента, кога Агрипа и Верникиј дојдоа со многу раскош и влегоа во судницата заедно со началниците и најугледните граѓани, по заповед на Фест, го доведоа Павле. Фест рече: „Царе Агрипа и сите вие, кои сте овде со нас! Го гледате овој, за кого целото мноштво Јудејци дојдоа кај мене, и во Ерусалим и овде, и викаа дека тој повеќе не треба да жи­вее. Но јас, откако разбрав дека тој не направил ништо достојно за смрт, и бидејќи тој сам се повика на неговото височество, решив да го пратам кај него. За него немам ништо соодветно за да му напишам на господарот; затоа го изведов пред вас, и особено пред тебе, царе Агрипа, за да можам, откако ќе заврши испитувањето, нешто да напишам. Зашто, сметам дека е бесмислено да пратам затвореник, а да не ги изложам обвиненијата против него.“ Агрипа му рече на Павле: „Допуштено ти е да зборуваш во своја одбрана.“ Тогаш Павле ја испружи ра­ката и почна да зборува во своја од­бра­на: „Се сметам среќен себеси, царе Агрипа, што денес пред тебе ќе можам да се одбранам од сето она за што сум обвинет од Јудејците, дотолку повеќе, што ти ги познаваш јудејските обичаи и препирки; па затоа, те молам, трпеливо да ме ислушаш. Мојот живот од раната младост, им е познат на сите Јудејци, зашто го поминав најнапред меѓу својот народ во Ерусалим; тие одамна ме знаат – ако сакаат не­ка сведочат – дека јас, како фарисеј, живеев по најстрогото учење на нашата вера; а сега стојам пред судот поради на­деж­та во ветувањето што Бог им го даде на нашите тат­ковци, кое нашите дванаесет племиња се на­деваат дека ќе го постигнат, ревносно служејќи Му на Бога ноќе и дење. За таа надеж, царе Агрипа, обвинет сум од Јудејците. Зарем вие мислите дека е неверојатно Бог да воскреснува мртви? И јас самиот мислев дека треба да извршам многу работи против името на Исус Назареецот; така и направив во Ерусалим и, откако добив власт од прво­свеш­те­ни­ци­те, затворив многу светии, а кога ги убиваа, и јас одобрував. И многупати ги мачев по сите синагоги, ги принудував да хулат и, прекумерно гневен на нив, ги гонев дури и во туѓите градови. За таа цел одејќи во Дамаск, со овластување и одобрение од првосвештениците, на пладне, царе, на патот видов светлина од небото, посилна од сончевата светлина, која ме озари мене и оние, што одеа со мене. Сите паднавме на земја, и јас чув глас, што ми зборуваше и на еврејски ја­зик велеше: ’Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко е за тебе да се риташ против бо­ди­ло.‘ А јас реков: ’Кој си Ти, Господи?‘ Тој одговори: ’Јас сум Исус, Кого ти Го гониш. Но стани и исправи се на нозете; затоа и ти се јавив, да те назначам за служител и сведок на ова што го виде и што ќе ти го покажам, издвојувајќи те од овој народ и од незнабошците, кај кои те испраќам, за да им ги отвориш очите, та да се свртат од темнина кон светлина и од власта на сатаната кон Бога, па преку верата во Мене да примат простување на гревовите и наследство меѓу осветените.‘ Затоа, царе Агрипа, јас не се противев на небесното видение, но најнапред на жителите во Да­маск и Ерусалим, а потоа по целата Ју­дејска земја и на незнабошците им про­поведав да се покаат и да се обратат кон Бога, правејќи дела достојни на покаја­ние. Поради ова Јудејците ме фатија во храмот и се обидоа да ме убијат. Но, со помошта што ја добив од Бога, стојам до овој ден и сведочам пред мали и големи, не кажувајќи ништо друго освен она што го беа зборувале Пророците и Мојсеј дека треба да се случи: дека Христос ќе пострада и дека, како прв воскреснат од мртвите, ќе им проповеда светлина на народот и на незнабошците.“ А додека го зборуваше ова во одбрана, Фест со силен глас рече: „Си полудел, Павле! Големата ученост те довела до лудило!“ А тој одговори: „Не сум луд, најпо­чи­туван Фесте, туку кажувам вистинити и разумни зборови. Тоа го знае и царот, пред кого слободно зборувам; јас не верувам дека од сето ова нешто му е непознато, заш­то тоа не е вршено во некој агол.“ „Веруваш ли, царе Агрипа, во про­роците? Знам дека веруваш.“ Агрипа му одговори на Павле: „Уште малку, па ќе ме убедиш да ста­нам христијанин!“ А Павле рече: „Би Му се молел на Бога, порано или подоцна, не само ти, но и сите што ме слушате денес, да ста­нете такви, каков што сум јас, само без овие окови.“ Кога го кажа тоа, царот и управникот Верникиј, и оние што седеа со нив, станаа и, откако се повлекоа настрана, зборуваа меѓу себе и кажуваа дека тој чо­век не прави ништо што заслужува смрт или окови. А Агрипа му рече на Фест: „Овој човек можеше да биде ослободен, ако не беше посакал суд пред цезарот.“ Кога беше одлучено да от­пло­виме за Италија, Павле и неколку други затвореници ги предадоа на еден стотник по име Јулиј, од царската чета. Се качивме на еден адрамитски кораб, кој требаше да плови покрај азиските брегови, и така отпловивме. Со нас беше Аристарх, Македонец од Со­лун. Следниот ден стигнавме во Сидон; и Јулиј, кој постапуваше човекољубиво со Павле, му дозволи да појде кај своите пријатели, за да се погрижат за него. Кога тргнавме оттаму, пловевме во заветрината на Кипар, бидејќи ветровите дуваа спротивно, и, откако го препловивме морето покрај Киликија и Памфилија, стигнавме до Мира Ликиска. Таму стотникот најде еден александриски кораб, кој пловеше за Италија, и нѐ префрли во него. И пловејќи полека многу денови, одвај стигнавме до Книд. Бидејќи ветрот нѐ спречуваше да влеземе таму, запловив­ме во заветрината на Крит покрај Салмон. И пловејќи покрај него со мака, стигнавме до едно место, наречено Добри пристаништа, во чијашто близина се на­оѓаше градот Ласеја. Откако мина многу време и пло­ве­њето веќе стана многу поопасно, а и постот веќе беше поминал, Павле ги опо­мена велејќи им: „Луѓе, гледам дека пло­вењето ќе биде мачно и со голема ште­та не само за товарот на коработ, туку и за нашите животи.“ Но стотникот повеќе му веруваше на кормиларот и сопственикот на бро­дот отколку на Павловите зборови. А бидејќи пристаништето не беше погодно за презимување, многумина из­јавија дека сакаат да отпловат оттаму, и ако е можно некако да стигнат до Феникс, критското пристаниште што се наоѓа спроти југо­западниот и северозападниот ветар, и таму да презимат. А кога дувна југот, тие помислија дека можат да ја остварат својата цел, па ја кренаа котвата и запловија покрај Крит. Но наскоро на нив се дигна бурниот ветар, наречен Евроклидон. Па откако го зграби коработ, бидејќи тој не можеше да му се противстави на вет­рот, се препуштивме на брано­вите да нѐ носат. Минувајќи во заветрината на едно островче, кое се вика Клавда, одвај успеавме да го задржиме бродот. Кога го извлекоа, употребија помошни средства и го врзаа коработ одоздола; и плашејќи се да не се на­сукаат на Сирти, ги спуштија едрата и така бев­ме носени. Но бидејќи бевме сил­но удирани од бу­рата, следниот ден почнаа да го ис­фрлаат товарот, а на третиот ден сами со свои раце ја исфрлаа опремата на коработ. Во текот на многу денови не се појави ни сонце, ни ѕвезда, а беснееше и прилично силна бу­ра, така што веќе исчезнуваше секаква надеж дека ќе се спасиме. И бидејќи долго време гладуваа, Павле застана сред нив и рече: „Луѓе, требаше да ме послушате и ако не заминевме од Крит, ќе ги избег­нев­ме овие маки и штети. Но, и сега ве советувам да бидете бод­ри, зашто ниедна душа од вас нема да загине, освен коработ. Зашто ноќеска ми се јави ангелот од Бога, Чиј сум и Кому Му служам, велејќи: ’Не плаши се, Павле, ти треба да излезеш пред цезарот; и ете, Бог ти ги дарува сите, што пловат со тебе.‘ Затоа, луѓе, бидете бодри, зашто Му верувам на Бога дека ќе се случи така, како што ми беше речено. Но, треба да бидеме исфрлени на еден остров.“ Беше веќе четиринаесетта ноќ, от­како бевме носени наваму-натаму по Јадранското Море, кога кон полноќ морнарите насетија дека се при­бли­жу­ваат до некакво копно, и, кога ја измерија длабочината, от­крија дека изнесува дваесет фатома; па отидоа малку потаму, измерија пак и открија дека е петнаесет фатома. И плашејќи се да не удрат на карпести места, одзади спуштија четири котви, па чекаа да осамне. А кога морнарите намислија да по­бегнат од коработ, и беа спуштиле чун во морето под изговор дека сакаат да спуштаат котви од предната страна, Павле им рече на стотникот и на војниците: „Ако овие не останат на ко­работ, вие не можете да се спасите.“ Тогаш војниците ги пресекоа ја­жи­њата на чунот и го оставија да падне долу. А пред да осамне, Павле ги покани сите да каснат, велејќи: „Денес е чети­ринаесетти ден, откако во исчекување стоите гладни, не вкусувајќи ништо. Затоа, ве молам, каснете, зашто тоа ќе ви го спаси животот. Впрочем, на ниеден од вас нема да му падне ни влакно од главата.“ Штом го рече тоа, зеде леб, Му забла­годари на Бога пред сите, прекрши и почна да јаде. Тогаш се ободрија сите и зедоа храна; а во коработ нѐ имаше вкупно двес­те седумдесет и шест души. И кога се наситија од храната, почнаа да го олеснуваат коработ, исфрлајќи го житото в море. Штом се раздени, земјата не ја познаа, но забележаа еден залив со песочен брег, на кој решија, ако успеат, да го извлечат коработ. И откако ги откачија котвите, ги оставија во морето; а исто така ги разлабавија и врските на кормилата, го развија ма­ло­то едро спрема ветрот што дуваше, та запловија кон брегот. Но удирајќи на еден гребен, предницата на коработ се заби и веќе не се по­мр­дна, а задниот дел од коработ се разбиваше од силата на брановите. Војниците, пак, намислија да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне. Но стотникот, сакајќи да го спаси Павле, ги одврати од таа намера и запо­веда најнапред да скокнат и да излезат на земја оние, што знаат да пливаат, а останатите – кој на штица, кој на нешто од коработ. И така сите се спасија, излезувајќи на копно. И откако се спасивме, дознавме дека островот се вика Мелит. А мештаните ни укажаа необична човекољубивост: нѐ примија сите и, би­дејќи врнеше дожд и беше студено, накладоа оган. А кога Павле насобра многу гранки и ги стави на огнот, една змија излезе од гранките поради горештината и се впи во неговата рака. Мештаните, штом го видоа животното како виси на неговата рака, меѓу себе си рекоа: „Овој човек несомнено е убиец; па затоа, иако се избави од морето, Божјиот суд нема да го остави да живее.“ Но тој ја истресе змијата во огнот и ништо лошо не му стана. А тие очекуваа да се појави оток, или, пак, веднаш да падне мртов; но, би­дејќи чекаа долго време и видоа дека не му стана никакво зло, тие си го про­ме­нија мислењето и велеа дека тој е бог. Околу тоа место се наоѓаа имотите на началникот на островот, по име Поп­лиј. Тој нѐ прими и три дена пријателски нѐ гоштеваше. Но се случи таткото на Поплиј да легне болен, страдајќи од треска и болки во стомакот. Павле влезе кај него, се помоли и, положувајќи ги своите раце на него, го исцели. Тогаш, и другите од островот, што страдаа од болести, доаѓаа и се лекуваа. Тие откако ни укажаа големи почести, пред замину­ва­ње нѐ снабдија со сите потребни работи. По три месеци отпловивме со еден александриски кораб, што беше прези­мил на тој остров и го имаше знакот на Диос­­кури. И откако стигнавме во Сиракуза, таму останавме три дена. Оттаму отпловивме и пристигнавме во Ригија; а по еден ден дувна југот, па во вториот ден пристигнавме во Потиоли; таму најдовме браќа кои нѐ замолија да останеме кај нив седум дена. Потоа дојдовме во Рим. Тамошните браќа, штом чуја за нас, излегоа да нѐ пресретнат дури до Апиевиот плоштад и до трите крчми. Кога ги ви­де Павле, Му заблагодари на Бога и се ободри. Штом влеговме во Рим, стотникот му ги предаде затворениците на военоначалникот, а на Павле му беше допуштено да живее одделно, но под стража на еден војник. По три дена Павле ги повика јудејските пр­вен­ци и кога се собраа, тој им рече: „Луѓе, браќа, иако не нап­равив ништо против народот или тат­ковските обичаи, од Ерусалим ме пре­дадоа окован во рацете на Римјаните. Тие откако ме испитаа, сакаа да ме пуштат, зашто во мене не најдоа никаква вина што заслужува смрт; но, бидејќи Јудејците се противеа, бев принуден да барам суд пред цезарот; но не за да го обвинувам во нешто својот народ. Поради тоа и ве повикав да се ви­ди­ме и да позборуваме; бидејќи заради на­дежта на Израил сум окован во овие вериги.“ А тие му одговорија: „Ние ниту писма сме добиле за тебе од Јудеја, ни­ту некој од браќата дошол да нѐ извес­ти или нешто лошо да каже за тебе. Но сакаме да чуеме од тебе што мислиш, зашто познато ни е дека насекаде се говори против тоа учење.“ И откако му определија ден, големо мноштво дојде во живеалиштето кое му беше определено, и тој од утро до вечер им го изложуваше учењето, сведочејќи за царството Божјо и уверувајќи ги за Исус и преку Мојсеевиот Закон и преку Проро­ците. Едни се убедија од неговото кажување, а други не поверуваа. Бидејќи беа несложни меѓу себе, тие почнаа да си заминуваат; и во тоа време Павле им ги кажа овие зборови: „Добро им рекол Светиот Дух на вашите тат­ковци преку пророкот Исаија, велејќи: ’Оди и кажи му на овој народ: со уши ќе чуете, и нема да разберете, со очи ќе гледате, и нема да видите, зашто срцето на овој народ закораве­ло, та со ушите тешко слушаат, а своите очи ги затвориле, за со очите да не видат и со ушите да не чујат, и со срцето да не разберат, и да не се об­ратат, за да ги исцелам.‘ Затоа, да знаете дека спасението од Бога им е испратено на незнабошците; тие и ќе чујат.“ Кога го рече тоа, Јудејците се разо­тидоа, препирајќи се многу меѓу себе. А Павле остана таму цели две години во посебно изнајмена куќа и ги примаше сите, што доаѓаа кај него, проповедајќи го царството Божјо и смело учејќи за Господ Исус Христос, без некој да му го забранува тоа. Павле, слуга на Исус Христос, повикан за апостол, издвоен за Божјото благовестие, коешто Бог однапред го беше ветил пре­ку своите пророци во светите Писма, за Својот Син, по тело роден од Давидовото потомство, објавен како Син Божји во силата, по Духот на светоста, преку воскресе­ни­ето од мртвите, Исус Христос, на­шиот Господ, преку Кого примивме благодат и апостолство, та, заради Неговото име да ги приведеме на пос­лушност кон верата сите народи, меѓу кои сте и вие, повиканите од Исус Христос, до сите вас што сте во Рим, возљубени од Бога и повикани да бидете свети: благодат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и од Господ Исус Христос. Пред сѐ, Му благодарам на Мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, зашто за вашата вера се разгласува по целиот свет; бидејќи Бог, Кому со својот дух Му служам во благовестието на Неговиот Син, ми е сведок дека непрестајно си спомнувам за вас секогаш во моите молитви просејќи, со Божја волја, некако да успеам да дојдам кај вас. Зашто копнеам да ве видам, па да ви предадам некој духовен дар за да станете поцврсти, односно, заемно да се утешиме преку заедничката вера – вашата и мојата. Сакам да знаете, браќа, дека многупати бев на мисла да дојдам кај вас, за да имам некаков плод и помеѓу вас, како што имам и меѓу останатите народи, но сѐ до­се­га бев попречуван. Должник сум им и на Елините и на варварите, и на мудрите и на неразумните. Затоа, што се однесува до мене, подготвен сум и вам, кои сте во Рим, да ви го проповедам благовестието. Зашто јас не се срамам од Христовото благовестие, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секого што верува, најпрво на Јудеец, а потоа и на Елин. Бидејќи во него се открива Божјата правда, од вера и во вера, како што е напишано: „Праведникот ќе живее преку верата.“ Зашто Божјиот гнев се открива од небото над секоја безбожност и неправда на луѓето кои вистината ја спречуваат со неправда. Па така, она што може да се знае за Бога, ним им е откриено, бидејќи Бог им го открил. И навистина, она што е во Него невидливо, односно Неговата вечна си­ла и Божественост, уште од создавањето на светот јасно се гледа кај создадените нешта, за тие да немаат изговор. Зашто, иако Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту, пак, Му заблагодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи; тврдејќи дека се мудри, тие обезумија, и славата на нераспадливиот Бог ја заменија со лик на распадлив човек, на птици, на четириножни животни и на лазачи. Затоа Бог, според желбите на нивните срца, ги предаде на нечистота, па меѓусебно да си ги бесчестат своите тела. Тие ја заменија Божјата вистина со лага и му се поклонија и му служеа на созданието наместо на Соз­да­те­лот, Кој е благословен довека. Амин! Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: нивните жени го заменија природното општење со противприродно. И мажите, исто така, напуштајќи го природното општење со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг и вршеа срамни работи мажи со мажи, примајќи ја на себе заслужената отплата за својата заблуда. И бидејќи не се потрудија да Го познаат Бога, Бог ги предаде на нивниот изопачен ум – да го прават она што не прилега, исполнети со секаква неправда, блуд, злоба, алчност, лошотија; полни со за­вист, убиства, кавги, измами, злонамерност; озборувачи, клеветници, богомрасци, насилници, фалбаџии, горделивци, измислувачи на зло, непослушни кон родителите, неразумни, недоверливи, нечувствителни, непомирливи, немилостиви. Тие, иако ја познаваат праведната Божја одредба дека оние што вршат такви дела заслужуваат смрт, сепак, не само што самите ги прават, туку ги поддржуваат и другите што ги прават. Затоа, немаш изговор ти човеку, што судиш, кој и да си, зашто за она што го осудуваш другиот самиот себеси се осудуваш, бидејќи ти, што судиш, го вршиш истото. А знаеме дека Божјиот суд е вистинит над оние што прават така. Зар мислиш, о човеку, дека ќе го из­бегнеш Божјиот суд ти, кој ги осудуваш оние што вршат такви работи, какви што правиш и сам? Или, пак, ја презираш Неговата голема благост, стрпливост и дол­го­трпеливост, не разбирајќи дека Бож­јата благост те води кон покајание? Но, поради твојата тврдокорност и непокајаното срце си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие пра­ведниот Божји суд, Кој секому ќе му даде според не­го­вите дела: вечен живот на оние кои со трпение во добрите дела се стремат кон слава, чест и нераспадливост; гнев и јарост, пак, на оние што од себичност ѝ се непокорни на вистината, а ѝ се покоруваат на неправдата. Мака и тегоба на секоја човечка ду­ша која прави зло, најпрвин на Јудеец, а потоа и на Елин; а слава, чест и мир на секој што прави добро, најнапред на Јудеец, а потоа и на Елин! Зашто кај Бога нема пристрасност. Оние што згрешиле без Закон, без Закон ќе загинат; а сите што згрешиле под Закон, според Законот ќе бидат судени, бидејќи пред Бога не се праведни оние што го слушаат Законот, туку ќе бидат оправдани оние што го исполнуваат Законот. Зашто, кога незнабошците, кои немаат Закон, природно ги из­вр­шу­ваат одредбите на Законот, тогаш тие, иако немаат Закон, самите на себе се Закон; тие докажуваат дека делото на Законот е запишано во нивните срца, за што сведочи и нивната совест, а и нив­ните помисли кои час ги обвинуваат, час ги одбрануваат, за денот, кога, според моето благовестие, Бог преку Исус Христос ќе ги суди тајните на луѓето. Ете, ти се нарекуваш Јудеец, се потпираш на Законот, се фа­лиш со Бога, ја знаеш Неговата волја и знаеш да разликуваш што е подобро, зашто се поучуваш од Законот, и убеден си дека самиот ти си водач на слепци, светлина на оние што се во мрак; наставник на неразумни, учител на мали деца, во Законот имаш образец на знаењето и на вистината. Тогаш како ти, кој учиш дру­ги, себеси не се учиш? Ти, кој проповедаш да не се краде, крадеш ли? Ти, кој велиш да не се врши прељуба, прељубодејствуваш ли? Ти, кој се гнасиш од идолите, крадеш ли од хра­мо­вите? Ти, кој се фалиш со Законот, не Го бесчестиш ли Бога прес­тапувајќи го Законот? Зашто, како што е напишано: „Поради вас Божјото име се хули меѓу незнабошците“. Обрезанието е навистина полезно, ако го извршуваш Законот. Ако, пак, го прекршуваш Законот, твоето обре­зание станува необрезание. И така, ако необрезаниот ги пази одредбите на Законот, нема ли неговото необрезание да се смета како обрезание? И необрезаниот по тело, из­вр­шу­вај­ќи го Законот, нема ли да те осуди тебе, кој и покрај Писмо и обрезание си ста­нал престапник на Законот? Зашто не е Јудеец оној што е таков по надворешност, ниту обрезание е она што е надворешно, врз телото, туку Јудеец е оној што е внатрешно таков, а обрезание е она што е во срцето, по дух, а не по буква. Неговата пофалба не е од луѓето, туку од Бога. Каква предност имаат Јудејците, или каква е ползата од обрезанието? Голема, на секој начин. Најнапред, зашто навистина ним им беа доверени Божјите слова. Па што, ако некои не поверувале? Дали нивната неверност ќе ја уништи Божјата верност? Никако! Нека се признае дека Бог е вистинит, а секој човек лажлив, како што е напишано: „За да се покажеш праведен во Своите зборови, и да по­бедиш кога ќе си на суд.“ Ако, пак, нашата неправедност ја истакнува Божјата справедливост, тогаш што да речеме? Да не е Бог несправедлив, кога се гневи? Говорам како човек. Никако! Инаку, како тогаш Бог ќе му суди на светот? Зашто, ако преку мојата лага Божјата вистина се покаже уште повозвишена, за Негова слава, тогаш зошто и јас сѐ уште сум суден како грешник? И не би требало ли – како што некои луѓе хулат на нас и велат дека така учиме – да пра­ви­ме зло, за да излезе добро? Впрочем така и хулат некои луѓе на нас и велат дека така учиме. Тие се справедливо осудени. И што тогаш, во предност ли сме? Ни најмалку, зашто веќе ги обвинивме, како Јудејците така и Елините, дека сите тие се под грев, како што е напишано: „Нема праведен ниту еден, нема разумен, нема кој да Го бара Бога; сите се отклонија, заедно станаа бескорисни; нема кој да прави добро, нема ниту еден.“ „Нивното грло е отворен гроб; со своите ја­зици мамат; под нивните усни – змиски отров, устата им е полна со клетва и горчина. Нозете им се брзи за крвопролевање; пустош и мака по нивните па­тишта; тие не го познаа патот на мирот. Страв Божји нема пред нив­ните очи.“ А знаеме дека сѐ што Законот вели, го вели за оние што се под Законот, за да се затвори секоја ус­та и целиот свет да одговара пред Бога, зашто преку делата на Законот пред Него нема да се оправда никој; бидејќи преку Законот се осознава гре­вот. А сега независно од Законот се јави Божјата праведност, посведочена од За­конот и од Пророците. Божјата праведност преку верата во Исус Христос е во сите и врз сите што веруваат. Бидејќи нема разлика, зашто сите згрешија и лишени се од Божјата слава. Но оправдувањето им е дарувано, со Неговата благодат, преку откупот во Христос Исус, Кого Бог Го постави со Својата крв да биде жртва за помирување преку ве­рата, за да ја покаже Својата праведност преку простување на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение, та да ја покаже Својата праведност во сегашново време, за Самиот да биде праведен и да го оправда оној што верува во Исус. Тогаш, каде е пофалбата? Таа е ис­клучена. Според кој закон? Оној на делата ли? Не, туку според законот на верата. Така, ние сметаме дека човекот се оправдува преку верата, без делата на Законот. Или Бог е само на Ју­дејците, а не и на незнабошците? Да, и на незнабошците е. Бидејќи еден е Бог, Кој ќе го оправда обрезанието од вера и необрезанието преку верата. Значи, дали го укинуваме Законот преку верата? Никако! Напротив, ние го утврдуваме Законот. Тогаш што ќе речеме за нашиот татко Авраам, што открил според телото? Зашто ако Авраам се оправдал со дела, тој заслужува пофалба, но не пред Бога. Впрочем, што вели Писмото? – „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност.“ На оној што работи, платата му се смета не како милостина, туку како должна отплата. А на оној што не работи, а верува во Оној Кој го оправдува без­божникот, верата му се смета за праведност. Така и Давид го нарекува блажен човекот кому Бог му ја вбројува пра­ведноста, независно од делата, велејќи: „Блажени се оние чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени; блажен е човекот кому Господ не му го смета гревот!“ А дали ова блаженство се однесува само за обрезаните или и за необрезани­те? Бидејќи велиме дека на Авраам ве­ра­та му се сметаше за праведност. А кога му се сметаше? По обрезание­то или пред обрезанието? Не по обре­за­нието, туку пред обрезанието. И знакот на обрезанието тој го доби како печат на праведноста што доаѓа од верата, која ја имаше пред обрезанието, за самиот да биде татко на сите необрезани што веруваат, та и ним тоа да им се вброи во праведност, и да им биде татко на обрезаните кои не се само обрезани, туку и врват по стапките на верата од нашиот татко Авраам, која тој ја имаше пред обрезанието. Бидејќи ветувањето кон Авраам или кон неговото потомство, дека ќе биде наследник на светот, не беше дадено преку Законот, туку преку праведноста која доаѓа од верата. Зашто ако само оние што го имаат Законот се наследници, то­гаш верата е безначајна и ветувањето е поништено; зашто Законот раѓа гнев; а каде нема Закон, нема ни престап. Затоа тоа е од верата, за да биде по благодат, та ветувањето да биде сигурно за целото потомство, не само на она што доаѓа од Законот, туку и на она што е од верата на Авраам, кој ни е татко на сите нас, како што е напишано: „Те поставив да бидеш татко на многу народи“ – пред Бога, Кому тој Му поверува, Кој ги оживува мртвите и Кој она што не постои го повикува во постоење. Авраам, без да има основа за на­деж, поверува со надеж дека ќе стане татко на многу народи, според ре­че­но­то: „Такво ќе биде твоето потомство.“ И не ослабнувајќи во верата, тој не ни помисли дека неговото тело е веќе умртвено, зашто беше речиси стогодишен, и дека утробата на Сара е веќе замрена; и во Божјото ветување не се посомнева со неверие, туку се зацврсти во верата, оддавајќи Му слава на Бога, наполно уверен дека Тој е силен да го изврши она што го ветил. Затоа тоа му се засмета за праведност. Но, не само за него е напишано де­ка му е вброено, туку и за нас: ќе ни се вброи, ако веруваме во Оној што Го воскресна од мртвите Исус, нашиот Господ, Кој беше предаден за нашите прегрешенија и беше вос­креснат за наше оправдание. И така, оправдани преку верата, имаме мир со Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Него со верата добивме и пристап кон оваа благодат, во која сто­име, и се фалиме во надеж на Божјата слава. Но не само тоа, туку се фалиме и во маките, знаејќи дека маката ра­ѓа трпение; трпението, пак – искуство, а искуството – надеж. Надежта пак, не посрамотува, заш­то Божјата љубов е излеана во нашите срца преку Светиот Дух Кој ни е даден Зашто, уште кога бевме слаби, Христос во одреденото време умре за безбожниците. Навистина, тешко некој да умре за праведник, а за добар, можеби, некој и би се решил да умре. Но Бог ја докажа Својата љубов кон нас со тоа што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни. И уште повеќе сега, кога веќе сме оправдани со Неговата крв, преку Него ќе се спасиме од гневот. Зашто, ако се помиривме со Бога преку смртта на Неговиот Син, уште додека бевме непријатели, тогаш уште повеќе ќе се спасиме преку Неговиот живот, откако сме се помириле. А освен тоа, и се фалиме со Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого сега добивме помирување. Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, така и смртта премина на сите луѓе, зашто сите згрешија. Зашто гревот беше во светот уште пред За­конот, но, кога нема закон, гревот не се смета. А сепак смртта царуваше од Адам до Мојсеј и над оние што не погрешија со прегрешение слично како она на Адам, којшто е праобраз на Оној што требаше да дојде. Но, со благодатниот дар не е како со престапот. Зашто ако поради престапот на еден изумреа мнозина, тогаш Бож­ја­та благодат и дарот преку благодатта на еден Човек, Исус Христос, во многу поголемо изобилство ќе се излее врз мнозина. И она што произлегува од дарот не е како она што стана преку едниот што погрешил, зашто судот заради едниот стана осудување, благодатниот дар, пак, заради многуте прегрешенија стана оправдување. Зашто, ако со прегрешението на еден смртта царуваше преку едниот, дотолку повеќе оние што го примаат изобилието на благодатта и да­рот на праведноста, ќе царуваат во жи­вотот преку еден – Исус Христос. И така, како што преку прегрешението на еден дојде осудата врз сите луѓе, така и преку праведното дело на еден дојде врз сите луѓе оправданието, кое дава живот. Зашто, како што преку непос­луш­носта на еден човек мнозина станаа грешни, така и преку послушноста на еден, мнозина ќе станат праведни. Законот, пак, дојде за да се намножи престапувањето; а таму каде што се намножи гревот, преизобилно се излеа благодатта, та, како што гревот царуваше со смртта, така и благодатта да царува преку праведноста за вечен живот преку Исус Христос, нашиот Господ. И така, што да речеме? Да останеме ли во гревот, за да се умножи бла­годатта? Никако! Како ние, кои сме умреле за гревот, и натаму да живееме во него? Зар не знаете дека сите ние што се крстивме во Христос Исус, во Не­говата смрт се крстивме. И така, ние се погребавме со Него преку крштевањето во смртта, за да мо­жеме, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние да зачекориме во нов живот. Зашто, ако сме сраснати во смрт слична на Неговата, тогаш ќе сраснеме и во воскресението, знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде умртвено гревовното тело, па да не му робуваме на гревот; бидејќи оној што умрел е ослободен од гревот. А ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме, знаејќи дека Христос, откако воскресна од мртвите, не умира веќе: смртта веќе не господари над Него. Бидејќи тоа што Тој умре, за гревот умре, еднаш засекогаш, а тоа што жи­вее, за Бога живее. Па така и вие сметајте се себеси мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ. Гревот, пак, нека не царува во вашето смртно тело, за да не му бидете покорни при страсните желби; и вашите телесни органи не предавајте му ги на гревот како орудија на неправедноста, туку препуштете Му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите телесни органи предадете Му ги на Бога, ка­ко орудија на праведноста. Гревот нема да господари над вас, зашто вие не сте под Законот, туку под благодатта. Па што? Да грешиме ли, бидејќи не сме под Законот, туку под благодатта? Никако! Не знаете ли дека, предавајќи се себеси некому како слуги за пос­луш­ност, му станувате слуги на тој што го слушате: или на гревот – кој води во смрт, или на послушноста – која води кон праведност? Но, фала Му на Бога, иако бевте слуги на гревот, од сѐ срце го послушавте оној образец на учење, на кого се предадовте. И така ослободувајќи се од гревот, вие станавте слуги на праведноста. Ви зборувам по човечки поради слабоста на вашата природа. Како што ги препуштивте вашите телесни органи во служба на не­чистотата и на беззаконието – за беззаконие, така сега предадете ги вашите органи, во служба на праведноста – за светост. Додека му бевте слуги на гревот, бевте слободни од праведноста. И каков плод имавте тогаш од нештата за кои сега се срамите? Бидејќи нив­ниот крај е смртта. Но сега, кога се ослободивте од гре­вот и Му станавте слуги на Бога, го имате вашиот плод – за светост, и крајот – животот вечен. Зашто, платата на гревот, е смрт, а Божјиот дар – вечен живот во Христос Исус, нашиот Господ. Не знаете ли, браќа – им зборувам на оние што го познаваат Законот – дека Законот господари над човекот сѐ додека тој живее? Омажената жена преку Законот е поврзана со мажот, додека тој е жив; но ако мажот умре, таа се ослободува од За­конот, кој ја сврзал за мажот. Затоа, ако се омажи за друг човек додека ѝ е жив мажот, ќе стане прељубница; но ако ма­жот умре, таа е слободна од Законот, и нема да биде прељубница, ако се омажи за друг човек. Па така и вие, браќа мои, преку телото Христово се умртвивте за Законот, за да Му припаднете на Друг, на Воскреснатиот од мртвите, та да Му принесеме плод на Бога. Зашто, кога живеевме според телото, во нашите органи, преку Законот, дејствуваа гревовните страсти, за да ѝ прине­суваме плод на смртта; но сега, откако умревме за она за што тој нѐ држеше врзани, ние сме ослободени од За­ко­нот, за да служиме во новоста на духот, а не во изветвеноста на буквата. Тогаш, што ќе речеме? Дека Законот е грев? Никако! Напротив, не би го познал гревот преку Законот, а и за страсните желби не ќе знаев ако Законот не велеше: „Не биди похотлив!“ Но гревот, поттикнат од заповедта, предизвика во мене секаква страсна желба; бидејќи без Законот гревот е мртов. Некогаш живеев без Законот; но ко­га дојде заповедта, гревот оживеа, јас, пак, умрев, и најдов дека за­поведта што беше за живот, всушност е за смрт, зашто гревот, поттикнат од за­по­ведта, ме измами и преку неа ме усмрти. Така, Законот е свет, и за­по­ведта е света, праведна и добра. Тогаш, зар доброто за мене стана смрт? Никако! Туку гревот, за да се по­ка­же дека е грев, преку доброто ми предизвикува смрт, та преку заповедта гре­вот да стане прекумерно грешен. Зашто знаеме дека Законот е ду­хо­вен, а јас, пак, сум телесен, продаден на гревот. Не го разбирам тоа што го правам; бидејќи не го правам она што го сакам, ту­ку она што го мразам, тоа го правам. Ако, пак, го правам она што не го сакам, тогаш се согласувам дека Законот е добар. Но сега веќе не го правам тоа јас, ту­ку гревот што се вдомил во мене. Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; бидејќи желба во мене има, но не наоѓам сила да го правам тоа. Зашто не го правам доброто, што го сакам, туку злото, што не го сакам, тоа го правам. Ако, пак, го правам она што не го са­кам, не го правам веќе јас, туку гревот што живее во мене. И така, во себе наоѓам ваков закон: кога сакам да го правам доброто, злото е присутно во мене. Бидејќи, според својот внатрешен човек наоѓам наслада во Законот Божји, но во своите телесни делови гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме држи заробен во гре­во­в­ниот закон, кој е во моите органи. Беден човек сум! Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт? Му благодарам на Бога преку Исус Христос, нашиот Господ. И така, јас самиот со умот му служам на Божјиот закон, а со телото – на гре­вов­ниот закон. Според тоа, сега нема никакво осудување за оние кои се во Христос Исус и кои не се водат по телото, туку по Духот. Зашто законот на Духот, кој дава живот во Христос Исус, ме ослободи од законот на гревот и на смртта. Она, што Законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото, го изврши Бог. Испраќајќи Го Својот Син во тело подобно на гревовното тело и како жртва за гревот, Тој го осуди гревот во телото, за да се исполни правдата на За­ко­нот во нас, кои се водиме не по телото, туку по Духот. Зашто оние кои живеат по тело, копнеат за телесното, а оние кои живеат по Дух – за духовното. Копнежот на телото е смрт, а коп­не­жот на духот – живот и мир. Зашто копнежот на телото е непријателство кон Бога, тој не му се покорува на Божјиот закон, ниту пак може. А оние, кои живеат по телото, не можат да Му угодат на Бога. Вие живеете не по тело, туку по Дух, само ако Божјиот Дух жи­вее во вас. А ако некој го нема Христовиот Дух, тој не е Негов. Ако, пак, Христос е во вас, телото е мртво поради грев, а духот живее поради праведноста. Но ако Духот на Оној што Го воскресна Исус од мртвите живее во вас, тогаш Оној што Го воскресна Христос од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас. И затоа, браќа, ние не сме му должници на телото, за да живееме по телото; бидејќи, ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе живеете. Сите оние што се водени од Божјиот Дух, се синови Божји; зашто вие не примивте дух на ропство, па повторно да се плашите, туку Го при­мивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: „Ава, Оче!“ Самиот Дух сведочи заедно со нашиот дух дека сме Божји чеда. А ако сме чеда, ние сме и нас­ледници: наследници на Бога и сонаследници на Христос, ако со Него страдаме, со Него и да се прос­лавиме. Зашто мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата која треба да ни се открие. Бидејќи сето создание, силно надевајќи се, го очекува откривањето на Бож­јите синови. Зашто созданието не ѝ се покори на суетата доброволно, туку по волјата на Оној што го покори, со надеж дека и самото создание ќе се ослободи од ропството на распадливоста при славното ослободување на Божјите чеда. Зашто знаеме дека дури до сега целото создание заедно воздивнува и страда во породилни болки. И не само тоа, туку и ние, што ги имаме првините на Духот, силно воз­див­нуваме во себе, очекувајќи посинување и откупување на нашето тело. Зашто со таа надеж бевме спасени; а видливата надеж не е вистинска надеж. Зашто, кој би се надевал во тоа што го гледа? Но, ако се надеваме на она што не го гледаме, тогаш со трпение го очекуваме. Исто така и Духот нѐ поткрепува во нашата немоќ; бидејќи ние не знаеме што би требало да измолиме, туку Ду­хот Сам посредува за нас со неис­каж­ли­ви воздишки. А Оној што ги испитува срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Тој по волјата Божја се застапува за све­тиите. А знаеме дека на оние што Го љу­бат Бога и се повикани според Неговата замисла, сѐ им содејствува за добро; зашто оние, кои однапред ги позна, нив и ги предопредели да бидат сообраз­ни на ликот на Неговиот Син, та Тој да биде првороден меѓу многуте браќа. А оние што ги предопредели, тие и ги повика, и кои ги повика, тие и ги оп­равда; кои ги оправда, тие и ги прос­лави. Тогаш, што да речеме за ова? Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас? Оној што не Го поштеди ни сопствениот Син, туку Го предаде за сите нас, зар нема да ни подари со Него сѐ? Кој ќе ги обвини Бож­јите избраници? Бог е Тој што оправдува! Кој е тој што ќе ги осуди? Христос Исус, Кој умре, а згора на тоа и беше воскреснал, и Кој е од десната страна на Бога и се зас­тапува за нас! Кој ќе нѐ одвои од љубовта кон Христос? Дали маката? Или тегобата? Или прогонот? Или гладот? Или го­ло­тијата? Или погибелта? Или мечот? Како што е напишано: „Заради Те­бе постојано нѐ убиваат; нѐ сметаат како овци за клање.“ Но во сето тоа стануваме повеќе од победници преку Оној што нѐ возљуби. Зашто сигурен сум дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни началата, ни силите, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание нема да може да нѐ оддели од Божјата љубов која е во Христос Исус, нашиот Господ. Ја зборувам вистината во Христос, не лажам – тоа ми го сведочи мојата совест во Светиот Дух – дека имам голема тага и непрестајна болка во срцето. Зашто повеќе би сакал јас самиот да бидам проклет и одвоен од Христос заради моите браќа, моите сродници по тело. Тие се Израилци – ним им припаѓаат посинувањето, и славата и заветите, и давањето на Законот, и богос­лу­же­ње­то и ветувањата; нивни се и татковците, а од нив по­тек­нува и Христос по тело, Кој е Бог на сите, бла­гословен довека. Амин! Но тоа не значи дека словото Божјо из­неверило; бидејќи не сите од Израилот се Израил. Ниту, пак, сите се чеда бидејќи се Авра­амово потомство; туку, ре­чено е: „По Исак ќе ти се нарече потомството.“ Односно, не децата на телото се Божји деца, туку децата на ветувањето ќе се сметаат за потомство. Бидејќи зборовите на ветувањето се овие: „Во тоа време ќе дојдам и Сара ќе има син.“ И не само таа, но и Ревека, која зачна од еден, од нашиот татко Исак, зашто, уште додека близнаците не се беа родиле, ниту, пак, беа направиле нешто добро или лошо, за да остане така како што Бог по избор одредил, не поради делата, туку поради Оној што повикува, ѝ беше речено: „По­стариот ќе му служи на помладиот“, како што е напишано: „Јаков го возљубив, а Исав го намразив.“ Тогаш, што да речеме? Зар има не­правда во Бога? Никако! Зашто Тој му рече на Мојсеј: „Ќе покажам милост кон оној што ќе го по­милувам, и сожалување кон оној што ќе го сожалам.“ И затоа, изборот не зависи од оној што посакува, ниту од оној што се труди, туку од Бога, Кој покажува милост. Зашто Писмото му вели на фара­онот: „Токму за тоа те издигнав, за да ја покажам на тебе Својата моќ и Моето име да биде проповедано по целата земја.“ Па така, кого сака го милува, а кого сака го закоравува. Но ќе ми речеш: „Зошто тој сѐ уште прекорува? Зашто кој може да ѝ се спротивстави на Неговата волја?“ Но кој си ти, о човеку, та да Му одвраќаш на Бога? Зар ракотворбата ќе му рече на ракотворецот: зошто си ме направил таква? Или, зар грнчарот нема власт над својата глина, па од една и иста смеса да направи еден сад за чес­на, а друг за нечесна употреба? А што, ако Бог, сакајќи да го покаже Својот гнев и да ја пројави Својата моќ, со голема долготрпеливост поднесувал некои садови на гневот, приготвени за погибел, за да го покаже богатството на Својата слава над садовите на мило­срдието што Тој однапред ги приготвил за слава односно нас, кои и нѐ повика не само од Јудејците, туку и од незнабошците? Како што и кај Осија говори: „Ќе го наречам Мој народ оној што не беше Мој народ, и невозљубената – возљубена.“ И на она место, каде им беше речено: „Вие не сте Мој народ“, таму ќе бидат наречени синови на живиот Бог. А Исаија гласно вика за Израилот: „Дури и ако бројот на Израилевите синови е колку морскиот песок, само остатокот ќе биде спасен, зашто ќе го заврши делото и ќе ре­ши по правда: Господ ќе го изврши во потполност словото на земјата.“ И како што прорече Исаија: „Ако Господ Саваот не ни беше оставил по­томство, ќе станевме како Содом и ќе се уподобивме на Гомор.“ Тогаш, што да речеме? Незнабош­ците, кои не тежнееја кон праведност, добија праведност, и тоа праведност што е од верата. И Израил, кој тежнееше кон не­ка­ков закон за праведност, не го достигна Законот на правдата. Зошто? Бидејќи не го побара од вера, туку од делата на Законот. Се препна од каменот за сопнување, како што е напишано: „Еве, пола­гам на Сион камен за препнување и кар­па за соблазна; и секој што верува во Не­го нема да се посрами.“ Браќа, желбата на моето срце и мојата молитва кон Бога за Израилот е тој да биде спасен. Бидејќи им сведочам дека имаат рев­ност за Бога, но без правилно сознание. Зашто, не знаејќи за Божјата пра­ведност и тежнеејќи да воспостават своја сопствена праведност, тие не ѝ се потчинија на Божјата праведност, бидејќи крајната цел на Законот е Христос, за да биде оправдан секој што верува. Зашто Мојсеј пишува за праведноста која е од Законот: „Човекот што ќе го исполни, ќе биде жив преку него.“ А праведноста од верата вели: „Да не речеш во своето срце: Кој ќе се искачи на небото?“, односно, да Го симне Христос – или: „Кој ќе слезе во бездната?“, односно, да Го изведе Христос од мрт­вите! А што вели таа? – „Блиску до тебе е словото, во твојата уста и во твоето срце“, односно словото на верата, што го проповедаме, зашто, ако со својата уста исповедаш дека Исус е Господ и ако во своето срце поверуваш дека Бог Го воскресна од мртвите – ќе се спасиш; бидејќи со срцето се верува за оп­равдание, а со устата се исповеда за спа­сение. А и Писмото вели: „Никој, што верува во Него, нема да се посрами.“ Нема разлика меѓу Јудеец и Елин, зашто ист е Господ на сите, богат за сите што Го повикуваат. Бидејќи секој што ќе го повика име­то Господово, ќе биде спасен. Но како да Го повикаат Оној во Ко­го не поверувале? И како да поверуваат во Оној за Кого не слушнале? А како да се слушнат без про­по­ведник? И како да проповедаат, ако не се испратени? Како што е напишано: „Кол­ку им се прекрасни нозете на оние што благовестат мир, што го благовестат доброто.“ Но не сите го пос­лу­шаа благовестието. Зашто Исаија вели: „Господи, кој поверува откако нѐ слушна?“ И така, верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката – од словото Божјо. Но велам: зар тие не слушнаа? На­против. „Нивниот глас се разнесе по целата земја, и нивните зборови – до краиш­тата на светот.“ Повторно велам: зар Израил не разбра? Мојсеј прв рече: „Јас ќе ја разбудам ревноста кај вас преку оние кои не се народ; преку неразумен народ ќе ве раз­гне­вам.“ А Исаија се осмели да каже: „Ме најдоа оние што не Ме бараа, им се от­крив на оние што не прашаа за Мене.“ За Израилот, пак, вели: „Постојано ги подавав Своите раце кон непокорен и бунтовен народ.“ Па велам: Зар Бог го отфрли Својот народ? Никако! Зашто и јас сум Израилец, Авраамов потомок, од Венијаминовото племе. Бог не го отфрли Својот народ, кого однапред го знаеше. Или не знаете што вели Писмото за Илија, како тој Му се жали на Бога против Израил, ве­леј­ќи: „Господи, ги убија Твоите пророци и ги раскопаа Твоите жртвеници; јас ос­танав сам, па и мојот живот го бараат.“ Но што му вели Божјиот одговор: „Си оставив седум илјади мажи, кои не ги свиткаа колената пред Ваал.“ Така и во сегашно време има еден остаток, избран по благодат. Но, ако е по благодат, не е веќе по дела, инаку благодатта не би била благодат. Ако, пак, е по дела, тоа веќе не е благодат; инаку делото не би било дело. И што тогаш? Израил не го доби она што го бараше; избраните, пак, го добија, а останатите се закоравија, како што е напишано: „Бог им даде дух на бесчувствителност, очи да не гледаат и уши да не слушаат, сѐ до денешниов ден.“ И Давид вели: „Трпезата нивна нека им стане стапица и замка, соблазна и от­плата; нека им се замрачат очите, за да не гледаат, и грбот нека им се свитка засекогаш.“ Па велам: зар се сопнаа за да паднат? Не! Туку со нивниот престап дојде спасението за незнабошците, та да разбуди ревност кај нив. Ако, пак, нивниот престап значи богатство за светот, и нивното опаѓање – богатство за незнабошците, колку повеќе ќе значи нивната полнота! Вам, незнабошци, ви велам: бидејќи сум апостол на незнабошците, јас ја прославувам мојата служба, та некако да разбудам ревност во својот род по тело, и да спасам некои од нив. Зашто, ако нивното отфрлање е помирување за светот, што би било нивното прифаќање, ако не оживување од мртвите? Ако првиот дел од тестото е свет, тогаш свето е и целото тесто; и ако коренот е свет, свети се и гранките. Ако, пак, некои од гранките се скршени, а ти, кој си дива маслинка, си накалемен на нивното место и си станал соучесник и на коренот и на маслото од маслинката, не биди горделив пред гранките! А ако сепак, се возгордееш, треба да зна­еш дека не ти го држиш коренот, туку коренот тебе! Но ќе речеш: гранките беа откршени за јас да бидам накалемен. Добро. Тие поради неверие беа откршени, а ти поради вера се држиш: не вообразувај се, туку имај страв. Зашто, ако Бог не ги поштедил при­родните гранки, ни тебе нема да те поштеди. Затоа, види ја Божјата благост и строгост: строгост кон отпаднатите, а благост кон тебе, ако истраеш во бла­госта; во спротивно, и ти ќе бидеш от­сечен. Но и тие, ако не останат во неверието, ќе бидат накалемени, зашто Бог има моќ повторно да ги накалеми. Зашто, ако ти си отсечен од мас­линка која е по природа дива, и спротивно на природата си накалемен на питома ма­слинка, тогаш колку полесно ќе би­дат накалемени на својата маслинка оние кои по природа се од неа. Браќа, за да не си помислите во себе дека сте мудри, сакам да ја знаете оваа тајна: дел од Израилот отврдна додека не биде приопштен севкупниот број на незнабошците. И така целиот Израил ќе биде спасен, како што е напишано: „Ќе дојде од Сион Ослободителот и ќе ја одврати безбожноста од Јаков. И ова им е заветот од Мене, кога ќе ги одземам нивните гревови.“ Значи, според благовестието, тие се не­пријатели Божји – поради вас; а според избраноста, тие се возљубени од Бога – поради татковците, бидејќи даровите и Божјиот повик се неотповикливи. Како што и вие некогаш бевте непокорни кон Бога, а сега сте помилувани, поради нивната непокор­ност, така и тие сега станаа непослушни, поради вашето помилување, та и самите да бидат помилувани. Зашто Бог ги затвори сите во непокорност, за да ги помилува сите. О, длабочино на Божјото богатство, мудрост и знаење! Колку се непроникливи Неговите судови и неистражливи Неговите патишта! Зашто, кој ја познал мислата на Господ? Или, кој Му бил советник? Или, кој однапред Му дал нешто, за да му биде вратено? Зашто, сѐ е од Него, преку Него и во Него. Нему слава довека. Амин! Браќа, во името на Божјото милосрдие, ве молам, да ги принесете вашите тела во жртва жива, света и благоугодна на Бога, како ваше словесно служење. Не сообразувајте се со овој свет, туку преобразете се преку обновување на вашиот ум, за да можете да осознавате што е волјата Божја, што е добро, благоугодно и совршено. Зашто, преку благодатта што ми е дадена, секому од вас му ка­жу­вам да не се вообразува во мислите повеќе одошто е потребно, туку нека размислува скромно, според мерката на верата што Бог секому му ја доделил. Бидејќи, како што во едно тело имаме многу органи, но сите органи немаат иста улога, така и ние мнозината, сме едно тело во Христос, а секој поединечно сме органи еден на друг. А имаме различни дарови според благодатта што ни е дадена: ако е пророкување, нека е сразмерно на верата; ако е служење – нека служи; ако е учителствување – нека поучува; ако е утешување – нека уте­шу­ва; кој дарува – нека дарува штедро; кој управува – нека управува со усрдност; кој прави милосрдие – нека го врши тоа со радост. Љубовта нека биде нелицемерна; гнасете се од злото, прилепувајте се кон доброто. Љубете се едни со други срдечно, со братска љубов; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Во усрдноста не бидете немарни; бидете со огнен дух; служете Му на Господ; радувајте се во надежта; во маката бидете трпеливи, а во молитвата – постојани; помагајте им на светиите во нив­ни­те потреби; трудете се да бидете гостопримливи; благословувајте ги оние што ве гонат; благословувајте ги и не ги про­колнувајте. Радувајте се со оние што се радуваат и плачете со оние што плачат! Меѓу себе бидете едномислени; не бидете надмени во мислите, туку нека ве водат скромните нешта; не сметајте се себеси за мудри. Никому не враќајте зло за зло; грижете се да го правите тоа што е добро пред сите луѓе. Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Самите не се одмаздувајте, возљубени, туку оставете му место на Божјиот гнев. Зашто е напишано: „Одмаздата е Моја, Јас ќе отплатам – вели Господ.“ Туку: „Ако твојот непријател е гладен, нахрани го; ако е жеден, напој го; зашто, правејќи го тоа, ти ќе му натрупаш жар на неговата глава“. Не допуштај злото да те победи, туку победи го злото со добро. Секој човек нека им се потчинува на претпоставените власти, заш­то нема власт што не е од Бога, и оние што ги има се одредени од Бога. Затоа, оној што се противи на власта, тој се противи на Божјата одредба. А оние што се противат, ќе примат осуда врз себе. Зашто, началниците не се страшни за добрите дела, туку за лошите. Сакаш да не се плашиш од власта? Прави добри дела, па ќе добиеш и пофалба од неа; зашто таа е Божји служител за твое добро. Ако, пак, правиш зло, тогаш плаши се, бидејќи таа не носи меч напразно; таа е Божји служител и со гнев се одмаздува на оној што прави зло. Затоа е неопходно да се покорувате, и тоа не само поради страв од Неговиот гнев, туку и поради совеста. Затоа и плаќате данок, зашто тие се Божји службеници, и со тоа постојано се занимаваат. Секому дајте му го она што сте му должни: кому сте му должни данок – данок; кому царина – ца­рина; кому стравопочит – стравопочит; кому чест – чест. И не должете никому ништо освен да се љубите еден со друг; зашто оној што го љуби другиот, го исполнува Законот. Бидејќи заповедите: „Не прави прељуба, не убивај, не кради, не посакувај туѓо“, и секоја друга заповед се содржат во овие зборови: „Возљуби го својот ближен како себеси!“ Љубовта не му прави зло на ближ­ниот; оттаму, љубовта е полнота на Законот. И тоа правете го, знаејќи го времето, дека веќе дошол часот да се разбудите од сонот, зашто спасението е сега поблиску до нас отколку кога поверувавме. Ноќта одминува, а денот се прибли­жува; да ги отфрлиме, пак, сите дела на темнината и да се облечеме во оружјето на светлината. Да живееме пристојно како дење – не во срамни гоштевки и пијанство, не во блуд и разврат, ниту, пак, во пре­пирка и завист; туку облечете се во Господ Исус Христос и грижата за телото не претворајте ја во похоти. Слабиот во верата прифатете го, но без расправии за мислењата! Еден верува дека може да јаде сѐ, а слабиот во верата јаде само зеленчук. Кој јаде, нека не го презира оној што не јаде; и кој не јаде, нека не го осудува оној што јаде, бидејќи Бог го прифатил. Кој си ти да му судиш на туѓ слу­га? Тој стои или паѓа пред својот господар. А ќе стои исправено, зашто Бог има моќ да го исправи. Некој го разликува едниот ден од другиот, а за некој сите денови се исти. Секој нека биде наполно уверен во своето мислење. Кој ги разликува деновите, ги разликува за Господ; и кој не ги разли­кува деновите, за Господ не ги разликува. Кој јаде, за Господ јаде, зашто Му благодари на Бога; и кој не јаде, за Господ не јаде и Му благодари на Бога. Зашто никој од нас не живее за себе и никој не умира за себе; туку, ако живееме – за Господ живееме и ако умираме – за Господ умираме. Според тоа, живееме ли, умираме ли – Господови сме. Зашто Христос затоа и умре и воскресна и оживеа, за да господари и над мртвите и над живите. А ти, зошто го осудуваш својот брат? Или, пак, ти, зошто го презираш својот брат? Сите ќе застанеме пред Христовиот суд. Зашто е напишано: „Јас сум жив, вели Господ, зашто пред Мене ќе се свитка секое колено и секој јазик ќе Го славослови Бога.“ И така, секој од нас ќе Му положи на Бога сметка за себе. Затоа, да не се судиме еден со друг, туку подобро расудувајте вака: не поставувај му на својот брат препка или соблазна. Знам и уверен сум во Господ дека ништо не е нечисто само по себе; освен ако некој смета дека нешто е нечисто, за него тоа е нечисто. А ако твојот брат се ожалости поради тоа што го јадеш, ти веќе не постапуваш според љубовта. Не погубувај го со твоето јадење оној за кого Христос умре. И така, не дозволувајте да се хули на она што е добро според вас! Зашто царството Божјо не е во јадење и пиење, туку во праведност и мир и радост во Светиот Дух. Бидејќи, оној кој Му служи на Христос со овие работи, тој Му е угоден на Бога и е почитуван од луѓето. И така, да го бараме она што служи за мир и за заемно надградување. Не уривај го Божјото дело заради јадење! Навистина сѐ е чисто, но лошо е за оној човек, кому јадењето му е спрепнување; подобро е да не јадеш месо, да не пиеш вино и да не правиш ништо од кое твојот брат би можел да се спрепне, или да се соблазнува, или, пак, да изнемоштува. Имаш ли вера? Имај си ја за себе пред Бога. Блажен е оној кој не се осудува себеси за она што го одобрува. А ако јаде оној што се сомнева, осуден е; зашто не јаде со вера; а сѐ што не се прави со вера, грев е. На Оној што може да ве зацврсти, согласно моето благовестие и мојата про­по­ве­д за Исус Христос, согласно откривањето на тајната која била скриена од вечни времиња, а која сега се јави и, преку про­роч­ките Писма, според заповедта на вечниот Бог, им стана позната на сите народи, за да ги доведе во послушност кон верата – на Единствениот, мудар Бог, преку Исус Христос, нека е слава довека. Амин! Ние, силните, сме должни да ги носиме слабостите на не­моќните и да не си угодуваме себеси. Секој од нас нека му угодува на својот ближен со она што е добро, заради надградување. Зашто и Христос не си угоди Се­беси, туку како што е напи­ша­но: „Подбивите на оние што Ти се подбиваа, паѓаат врз Мене.“ А сѐ што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж. А и Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие меѓу себе, според примерот на Христос Исус, та еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Гос­под Исус Христос. Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими, заради Божјата слава. Зашто велам дека Христос Исус стана служител на обрезаните поради Бож­ја­та вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците; а незнабошците да Го прос­ла­ват Бога за милосрдието, како што е на­пишано: „Затоа ќе Те исповедам меѓу незнабошците и ќе му пеам на Твоето име.“ И понатаму се вели: „Развеселете се, незнабошци, со Неговиот народ!“ И уште: „Фалете Го Господ сите незнабошци, и прославете Го, сите народи!“ Исаија, исто така, вели: „Ќе се појави коренот Јесеев и Оној што ќе се издигне да владее над незнабошците, на Него ќе се надеваат незнабошците.“ А Бог на надежта нека ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува. И самиот сум уверен за вас, браќа мои, дека и вие сте полни со добрина, исполнети со секакво знаење и дека можете да се поучувате еден со друг. Но ви пишав, браќа, нешто малку послободно – според благодатта што ми е дадена од Бога, за да бидам служител на Исус Христос меѓу незнабошците и свеште­но­дејствено да го извршувам Божјото благовестие, та приносот на незнабошците, осветен од Све­тиот Дух, да стане благопријатен. И така, можам да се по­фа­лам во Христос Исус со својот труд за Бога, зашто не се осмелувам да говорам за она што Христос не го извршил пре­ку Мене со зборови и дела, со силата на знаци и чуда, со силата на Божјиот Дух, која ги води незна­бош­ците кон послушност во верата, така што Христовото благовестие го распро­стра­нував од Ерусалим и неговата око­лина, па дури до Илирик. И така, силно бев поттикнат да го про­по­ведам благовестието не таму каде што Христовото име беше веќе познато, за да не ѕидам врз туѓ темел, туку како што е напишано: „Оние на кои не им е јавено за Него, ќе видат; и оние што не беа чуле, ќе разберат.“ Токму затоа и многупати бев спречен да дојдам кај вас. Сега, пак, бидејќи во овие краеви нема такво место, а многу години имам желба да дојдам кај вас, кога ќе тргнам за Шпанија, се надевам дека ќе ве видам на минување и де­ка натаму вие ќе ме испратите, но откако најпрво ќе ви се порадувам некое време. А сега одам во Ерусалим за да им послужам на светиите, зашто Македонија и Ахаја одлучија да дадат некаков прилог за сиро­ма­ш­ни­те светии во Ерусалим. Тие доброволно одлучија, но и дол­жни им се. Бидејќи, ако незнабошците станаа соучесници во нивните духовни блага, тогаш се должни да им послужат и во телесните. И така, откако ќе го завршам ова и ќе им го предадам овој плод, преку ва­ша­та земја ќе заминам за Шпанија. А знам дека, кога ќе дојдам кај вас, ќе дојдам со изобилен благослов на Хрис­то­вото благовестие. Браќа, ве молам поради нашиот Господ Исус Христос и поради љубовта на Духот, помагајте ми со усилни мо­литви кон Бога за мене, за да се избавам од оние што не ве­руваат, кои се во Јудеја, и моето слу­же­ње во Ерусалим да им биде благо­пријат­но на светиите; та, преку Бож­јата волја, да дојдам кај вас со радост и да се успокојам заедно со вас. А Бог на мирот нека биде со сите вас. Амин! Ви ја препорачувам нашата сестра Фива, која е служителка на црквата во Кенхреја: примете ја во Господ, како што им прилега на светии, и помогнете ѝ во она во што ќе има потреба од вас, бидејќи и таа им беше помошничка на мнозина, а и на мене самиот. Поздравете ги Прискила и Акила, моите сотрудници во Христос Исус – кои за мене го ризикуваа својот живот; ним им благодарам не само јас, туку и сите цркви од доскорешните незнабошци – и нивната домашна црква. Поздравете го мојот возљубен Епе­нет, кој е првиот плод во Христос од Ахаја. Поздравете ја Маријам, која многу се трудеше за нас. Поздравете ги Андроник и Јунија, моите сродници и созатвореници, кои се прочуени меѓу апостолите и кои уште пред мене поверуваа во Христос. Поздравете ми го возљубениот во Господ Амплиј! Поздравете го Урбан, нашиот сотрудник во Христос, и мојот возљубен Стахиј! Поздравете го Апелиј, докажаниот во Христос! Поздравете ги сите од Аристовуловото семејство! Поздравете го мојот сродник Иродион! Поздравете ги оние од Наркисовото семејство, кои се во Господ. Поздравете ги трудбеничките за Господ, Трифена и Трифоса. Поздравете ја возљубената Персида, која многу се трудеше за Господ. Поздравете го Руф, избраниот во Господ, како и неговата и моја мајка! Поздравете ги Асинкрит, Фелгонт, Ерма, Патрова, Ермиј и браќата што се со нив! Поздравете ги Филолог и Јулија, Ниреј и неговата сестра, и Олимпа и сите светии што се со нив! Поздравете се еден со друг со свет целив! Ве поздравуваат Христовите цркви! Ве молам, браќа, пазете се од оние, што предизвикуваат раздори и соблазни против учењето кое сте го научиле и бегајте од нив! Зашто таквите не Му служат на на­шиот Господ Исус Христос, туку на својот стомак, и со слатки и ласкави зборови ги заведуваат срцата на незлобивите. Вашата послушност им е позната на сите: затоа се радувам за вас, но сакам да бидете мудри во доб­рото и прости во злото. А Бог на мирот наскоро ќе го сотре сатаната под вашите нозе. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас. Ве поздравуваат мојот сотрудник Тимотеј и моите сродници Лукиј, Јасон и Сосипатар. Ве поздравувам во Господ и јас Тер­тиј, кој го напишав ова послание. Ве поздравува Гај, домаќинот мој и на целата црква. Ве поздравува Ераст, градскиот благајник и братот Кварт. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин! Павле, според волјата Божја повикан за апостол на Исус Христос, и братот Состен – до Божјата црква која е во Коринт, до осветените во Христос Исус, повикани да бидат светии, заедно со сите оние кои на секое место го повикуваат името на нашиот Господ Исус Христос, нивен и наш: благодат и мир вам од Бога, на­шиот Отец, и од Господ Исус Христос! Секогаш Му благодарам на мојот Бог за вас поради Божјата благодат што ви е дадена во Исус Христос, бидејќи целосно се збогативте во Него, во секое слово и во сето знаење, онака како што Христовото сведоштво се утврди во вас, така што не сте лишени од ниеден дар, додека нестрпливо го исчекувате откровението на нашиот Господ Исус Христос, Кој и ќе ве утврди до самиот крај, за да бидете беспрекорни во денот на на­шиот Господ Исус Христос. Верен е Бог, преку Кого бевте повикани во заедница со Неговиот Син, Исус Христос, нашиот Господ. Браќа, ве молам во името на на­ши­от Господ Исус Христос, сите вие да зборувате исто, и меѓу вас да нема раз­до­ри, туку да бидете совршено со­еди­не­ти во еден ум и во една мисла. Бидејќи од семејството на Хлој бев известен за вас, браќа мои, дека меѓу вас имало кав­ги. А ова го кажувам зашто секој од вас вели: „Јас сум Павлов“, „јас Апо­ло­сов“, „Јас, пак, на Кифа“, „а јас Христов.“ Па зар Христос е разделен? Павле ли беше распнат за вас? Или во Павловото име бевте крстени? Му благодарам на Бога што од вас никого не сум крстил, освен Крисп и Гај, та никој да не може да рече дека во мое име крштевав. Навистина, го крстив уште и Сте­фаниновиот дом, а освен нив не помнам дека сум крстил и некој друг. Зашто Христос не ме прати да крш­тевам, туку да го проповедам благовестието, и тоа не со мудри зборови, за Христовиот крст да не ја изгуби силата. Зашто словото за крстот е безумие за оние што пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, тоа е Божја сила. Зашто е напишано: „Ќе ја уништам мудроста на мудрите и ќе ја отфрлам разумноста на разумните.“ Каде е мудрецот? Каде е книж­ни­кот? Каде е препирачот од овој век? Не ја покажа ли Бог бзумна мудроста на овој свет? И бидејќи, по Божјата мудрост, светот не Го позна Бога со својата мудрост, Бог благоволи со безумието на проповедта да ги спаси оние што веруваат. Зашто и Јудејците сакаат знаци, и Елините бараат мудрост, а ние Го проповедаме Христос распнатиот, Кој за Јудејците е соблазна, а за Елините безумие; но за оние што се повикани, како Јудејци, така и Елини: Христос, Божја сила и Божја премудрост. Зашто Божјото безумие е помудро од луѓето, и Божјата слабост е посилна од луѓето. Гледате, браќа, какви сте вие, по­ви­каните: не мнозина сте мудри по тело, не мнозина силни, не мнозина благородни; но Бог го избра она што е безумно во светот за да ги посрами мудрите; Бог го избра она што е слабо во светот, за да ги посрами силните; Бог го избра она што е неугледно и пре­з­рено во светот, и она што не зна­чи ништо, за да ги уништи оние што значат нешто, та никој да не се пофали пред Бога. А од Него сте и вие во Исус Христос, Кој нам ни стана мудрост од Бога, и праведност, и осветување, и откуп, па да биде, како што е напишано: „Оној што се фали, во Господ нека се фали.“ И јас, браќа, кога дојдов кај вас, не дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво со возвишена беседа или мудрост, бидејќи бев решил да не знам меѓу вас ништо друго освен за Исус Христос, и тоа – Распнатиот. И јас пристапив меѓу вас со немоќ, и страв, и со голем трепет. Моето слово и мојата проповед не се состоеја од уверливи зборови на човечка мудрост, туку во покажувањето на Духот и силата, за вашата вера да не почива на чо­вечка мудрост, туку на Божјата сила. Па сепак, говориме мудрост меѓу совршените, но мудрост не од овој свет, ниту, од владете­ли­те на овој свет, кои се минливи, туку говориме Божја муд­рост, сокриена во таинство, која Бог ја предопределил за на­ша слава пред сите векови, која не ја спознал никој од владетелите на овој свет; зашто, ако ја беа спознале, немаше да Го распнат Господ на славата. Но, како што е напишано: „Она што око не видело, уво не чуло, ниту до срцето на човек допрело, тоа Бог го пригот­вил за оние што Го љубат.“ А нам тоа Бог ни го откри преку Својот Дух, зашто Духот испитува сѐ, па дури и Божјите длабочини. Зашто, кој од луѓето знае што има во човекот, освен човечкиот дух што е во него? Па така и Божјото не го знае никој, освен Духот Божји. Но ние го примивме не духот од овој свет, туку Духот Кој е од Бога, за да го знаеме она што ни е дарувано од Бога; па тоа и го говориме не со збо­рови научени од човечка мудрост, туку научени од Светиот Дух: расудувајќи за духовното на духовен начин. Телесниот човек не го прима она што е од Духот Божји: за него тоа е без­умство; и не може да го разбере, зашто тоа се ис­питува духовно. Духовниот, пак, испитува сѐ, а тој самиот од никого не е испитуван. Зашто, кој го спознал умот Гос­по­дов, та да Го поучи? А ние имаме ум Христов. Јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, туку како на телесни, како на доенчиња во Христос. Со млеко ве нахранив, а не со цврста храна, зашто уште не можевте да ја примите, а и сега уште не можете, бидејќи уште сте телесни. И навис­тина, штом меѓу вас има завист, кавга и поделба, тогаш, зар не сте телесни и зар не се водите според човечкото? Зашто, кога некој вели: „Јас сум Пав­лов“, а друг: „Јас сум Аполосов“, зар не сте телесни? Кој е, впрочем, Павле, а кој Апо­лос? Зар не се служители преку кои вие поверувавте, и тоа како што секому Господ му дал? Јас посадив, Аполос полеа, но Бог направи да израсне. Па така, ниту оној што сади е нешто, ниту оној што полева, туку Бог, Кој прави да израсне. Оној што сади и оној што полева се едно; и секој ќе ја добие својата награда според својот труд. Ние сме Му сотрудници на Бога, а вие сте Божја нива, Божјо здание. Според Божјата благодат, што ми е дадена, јас, како мудар градител, поставив темел, а друг надѕидува; но секој нека пази како надѕидува. Зашто никој не може да постави друг темел, освен положениот, а тоа е Исус Христос. Та кој и да ѕида врз тој темел со злато, сребро, драгоцени камења, дрва, сено или слама, сечие дело ќе стане видливо; судниот ден ќе го покаже; зашто преку оган ќе се открие, и огнот ќе испита какво е сечие дело. И, ако делото на оној што ѕидал ос­тане, тој ќе прими награда. Ако, пак, нечие дело изгори, тој ќе претрпи штета, а самиот ќе се спаси, но како низ оган. Зар не знаете дека сте Божји храм и дека Духот Божји живее во вас? Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие. Никој нека не се лаже; ако некој меѓу вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да биде му­дар. Зашто мудроста на овој свет е безумство пред Бога, како што е напи­шано: „Тој ги лови мудрите во нивното лукавство.“ И пак: „Господ знае дека размисли­те на мудрите се суетни.“ Па така, никој нека не се фали со лу­ѓе, бидејќи сѐ е ваше: било Павле или Аполос, или Кифа, било светот или животот, или смртта, било сегашното или идното, – сѐ е ваше, вие, пак, сте Христови, а Христос – Божји. Така, секој човек нека нѐ смета за Христови служители и за управители на Божјите таинства. А од управителите се бара секој од нив да се покаже верен. Мене ми е сосема сеедно дали ќе бидам суден од вас или од судот на другите луѓе; та и самиот себеси не се судам, зашто во мене не пронаоѓам никаква вина; иако со тоа не сум оправдан: Господ е Тој што ќе ми суди. Затоа, не судете ништо пред­вре­ме, додека не дојде Господ, Кој ќе го изнесе на видело сокриеното во мракот и ќе ги објави намерите на срцата; и тогаш секој ќе ја прими својата пофалба од Бога. Ова браќа, заради вас го применив на себе и на Аполос, за да се поучите од нас на онаа изрека: „Не мудрувајте повеќе од она што е напишано“, и да не се гордеете еден пред друг поради некого. Зашто, кој те смета за нешто посебно? Што имаш, а да не си добил? А штом си добил, зошто се фалиш, како да не си добил? Веќе сте презаситени, веќе се збогативте, се зацаривте без нас; но камо среќа навистина да се бевте зацариле, та и ние да царуваме со вас! Мислам дека нас апостолите Бог нѐ постави најпоследни, како осудени на смрт, зашто станавме глетка за светот – и за ангели и за луѓе. Ние сме безумни заради Христос, а вие сте мудри во Христос; ние сме не­моќни, а вие сте силни; вие сте славни, а ние бесчесни. До овој час гладуваме и жеднееме, и необлечени одиме, и нѐ тепаат и бездомни скитаме, и се трудиме, работејќи со свои раце. Кога нѐ проколнуваат, ние благословуваме, а кога нѐ гонат – истрајуваме; кога хулат на нас – одговараме кротко. Станавме како ѓубриштата од светот, отпадок од сите луѓе до денес. Но ова ви го пишувам не за да ве посрамам, туку да ве вразумам како мои возљубени чеда. Зашто, и да имате десетина илјади учители во Христос, сепак немате многу татковци, бидејќи јас ве родив во Христос Исус преку благовестието. Затоа, ве молам, бидете мои под­ра­жатели. Поради тоа ви го пратив Ти­мотеј, кој е мое возљубено и верно чедо во Господ; тој ќе ве потсети за моите патишта во Христос, онака како што на­секаде и во секоја црква поучувам. Некои се возгордеаја, небаре не ќе дојдам кај вас; но наскоро ќе дојдам кај вас, ако сака Господ, и ќе ги познаам не збо­ро­вите, туку силата на оние што се возгордеале, зашто царството Божјо не е во зборови, туку во сила. Што сакате? Да дојдам кај вас со стап, или со љубов и кроток дух? Насекаде се слуша дека кај вас има блуд и тоа таков блуд каков што не се спомнува ниту кај незнабошците, односно дека некој е со жената на својот татко. А вие наместо да тагувате, та да го исфрлите од вашата средина оној што го направил тоа дело, уште и сте се возгордеале. Јас, пак, иако со телото не сум кај вас, туку само со духот, веќе го осудив, ка­ко да сум меѓу вас, оној што го направил тоа. Кога во името на нашиот Господ Исус Христос ќе се соберете вие и мојот дух, со силата на нашиот Господ Исус Христос, предајте го на сатаната, за по­гу­бување на неговото тело, та неговиот дух да се спаси во денот на Гос­под Исус. Вашето фалење не е добро. Зар не зна­ете дека малку квас го потквасува целото тесто? Затоа, исчистете го стариот квас, та да бидете ново тесто, како што сте бесквасни; зашто Христос, нашата Пасха, беше жртвувана за нас. Па да празнуваме не со стар квас, ниту со квас од злоба и лукавство, туку со бесквасни лебови во чистота и вистина. Во писмото ви пишав да не се мешате со блудници, но не општо со блудниците од овој свет, или со ненаситници, или со грабливци, или со идолопоклоници, заш­то, инаку, би требало да излезете од светот. Но сега ви напишав да не се мешате со оној кој се нарекува брат, а е блудник, или ненаситник, или идолопоклоник, или клеветник, или пијаница, или грабливец; со таков дури и да не јадете. Зошто јас да ги судам надворешните? Зар не ги судите вие внатрешните? Надворешните, пак, ќе ги суди Бог. А вие исфрлете го лошиот меѓу вас. Би се осмелил ли некој од вас, кога има спор со друг, да излезе на суд пред неправедните, наместо пред светиите? Зар не знаете дека светиите ќе го су­дат светот? Па, штом вие ќе го судите светот, зарем сте недостојни да судите за ситници? Зар не знаете дека ангели ќе судиме, а не, пак, она што е од овој свет? Ако, пак, имате спор за овоземни нешта, тогаш земете си ги за судии токму оние најпрезрените во црквата! За ваш срам ви велам: толку ли не се најде ниту еден мудар меѓу вас, кој може да пресуди меѓу своите браќа? Туку брат со брат се суди, и тоа пред неверници! За вас е веќе неуспех и самото тоа што имате спорови меѓу себе. Нели е подобро да ја понесете неправдата? Нели е подобро да ја претрпите штетата? Туку, напротив, вие правите неправда и штета, и тоа на браќата. Зар не знаете дека неправедните нема да го наследат Божјото царство? Не лажете се: ниту блудниците, ниту идоло­поклониците, ниту прељубниците, ниту ма­жите што легнуваат со мажи, ниту ненаситниците, ниту крадците, ниту пијаниците, ниту клеветниците, ниту раз­бојниците нема да го наследат царството Божјо. А такви беа и некои од вас; но се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на Господ Исус Христос и преку Духот на нашиот Бог. Сѐ ми е допуштено! Но не е сѐ по­лезно. Сѐ ми е допуштено! Но ништо не сакам да завладее над мене. Храната е за стомакот, а стомакот за храната; но Бог ќе ги уништи и неа и него. Телото, пак, не е за блуд, туку за Господ, а Господ е за телото. А Бог Го воскресна и Господ, и нас ќе нѐ воскресне преку Својата сила. Зар не знаете дека вашите тела се делови од Христос? И така, ќе ги земам ли де­ловите од Христос за да ги направам де­лови на блудница? Никако! Или не знаете дека оној што се соединува со блудница, станува едно те­ло со неа? Зашто е речено: „Обата ќе бидат едно тело.“ А кој се соединува со Господ, еден дух е со Него. Бегајте од блудот! Секој друг грев што го прави човекот е надвор од телото, а блудникот греши против своето тело. Зар не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој е во вас и Кој ви е даден од Бога, и дека не си при­па­ѓа­те само на себе? Зашто скапо сте платени. Затоа прославете Го Бога во вашето тело и во вашиот дух, кои се Божји. А за она што ми пишавте – добро е човек да не се допира до жена. Но, за да се избегне блудот, се­кој маж нека си има своја жена, и секоја же­на свој маж. Мажот нека ја извршува својата дол­жност кон жената, а исто така и же­ната кон мажот. Жената не господари со своето тело, туку мажот; исто така и мажот не господари со своето тело, туку жената. Не лишувајте се еден од друг – освен по договор, за некое време, за да се посветите на пост и молитва, а потоа повторно бидете заедно, за да не ве искушува сатаната, поради вашето невоздржување. Но ова ви го велам како допуш­та­ње, а не како заповед. Зашто сакам сите луѓе да бидат ка­ко мене; но секој има свој дар од Бога – некој ваков, некој по­инаков. А на неженетите и на вдовиците им велам: добро е за нив ако останат како мене. Но, ако не можат да се воздржат, не­ка стапат во брак; бидејќи подобро е да стапат во брак отколку да горат од страст. А на оние што се во брак им запо­ведам, но не јас, туку Господ: жената нека не се разделува од мажот, – а и ако се раздели, нека не се премажува, или, пак, нека се помири со својот маж, – а и мажот нека не ја остава својата жена. А на останатите им зборувам јас, а не Господ: ако некој брат има жена што не верува, но е согласна да живее со него, нека не ја остава; и ако некоја жена има маж што не верува, но е согласен да живее со неа, таа нека не го остава. Зашто мажот кој не верува се осветува преку жената која верува, и жената која не верува се осветува преку мажот; инаку и децата би ви биле нечисти, а сега се свети. Но доколку некој што не верува сака да се раз­дели, нека се раздели; во такви случаи братот или сестрата не се заробени; зашто Бог нѐ повикал за мир. Зашто, од каде знаеш, жено, дека ти нема да го спасиш својот маж? Или од каде знаеш, мажу, дека ти нема да ја спасиш својата жена? Само, секој нека постапува така ка­ко што му определил Бог, како што го по­ви­кал Господ. Така заповедам по сите цркви. Повикан ли е некој што е обрезан? Нека не го крие обрезанието. Повикан ли е некој што е необрезан? Не­ка не се обрезува. Обрезанието е ништо, и необреза­нието е ништо, а чувањето на Божјите заповеди е сѐ. Секој нека остане во положбата во која е повикан. Повикан ли си како роб? Да не се грижиш; повикот ти е од поголема полза, дури и ако можеш да станеш слободен. Зашто оној што во Господа е повикан како роб, станува Господов ослободеник; а и тој што е повикан како слободен, станува роб Христов. Скапо сте платени! Не станувај­те робови на луѓе! Браќа, секој нека остане пред Бога во положбата во која е повикан. За девиците, пак, немам заповед од Господ, но како некој што по молоста Господова е веродостоен, давам совет. Сметам дека заради сегашната неволја добро е за човекот да остане така како што е. Сврзан ли си со жена? Не барај раз­вод. Разврзан ли си од жена? Не барај жена. Но и да се ожениш, нема да згре­шиш; и девицата, ако се омажи, нема да згреши. Но таквите ќе имаат телесни неволји, а јас, пак, повеќе би сакал да ве поштедам. Ова ви го велам, браќа, зашто вре­мето се скусува; отсега, па натаму, дури и оние што имаат жена, нека бидат како да ја немаат; и оние кои плачат – како да не плачат; и оние кои се радуваат – како да не се радуваат; и оние кои купуваат – како ништо да не поседуваат, и оние кои се ползуваат од овој свет – ка­ко да не се ползуваат; зашто обликот на овој свет е минлив. А јас сакам вие да бидете безгрижни. Неженетиот се грижи за Гос­по­довото – како да Му угоди на Господ; а женетиот се грижи за световното – како да ѝ угоди на жената. Тука е разликата меѓу жената и де­војката. Немажената жена се грижи за Господови работи – како да Му угоди на Господ, за да биде света и со телото и со духот; а омажената се грижи за светов­ни работи – како да му угоди на својот маж. Ова ви го зборувам за ваша корист, не за да ве заплеткам, туку за да Му се посветите благообразно и непречено на Господ. Ако некој мисли дека е неприлично неговата девица да му остане таква во напредната возраст, тој нека прави како сака; нема да погреши; таквите нека се мажат. А оној што непоколебливо стои во срцето и не по нужност, туку имајќи власт над својата волја, во своето срце донел одлука да ја зачува својата девица, добро прави. Така, оној кој ќе ја омажи својата девица, добро прави; а оној што нема да ја омажи, подобро прави. Жената е врзана со закон додека ѝ е жив ма­жот; а ако умре мажот ѝ, таа е слободна да се премажи за кого са­ка, но само во името на Господ. Но, според моето мислење, поблажена е ако си остане та­ка; а мислам де­ка и јас имам Божји Дух. А мислам дека за идоложртвуваното месо сите имаме знаење. Но, знаењето возгордејува, а љубовта надградува. Ако некој мисли дека нешто знае, тој сѐ уште не разбрал ништо онака како што треба да знае. Ако, пак, некој Го љуби Бога, Бог него го познава. А за јадењето на идоложртвуваното месо, знаеме дека идолот не е ништо на светов и дека нема друг Бог освен Единиот. Бидејќи, дури и да има таканаречени богови, било на небото, било на земјата, како што има многу „богови“ и многу „господари“, сепак, ние имаме само еден Бог – Отецот, од Кого е сѐ, и ние сме во Него, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сѐ, и ние сме преку Него. Но ова знаење го немаат сите; бидејќи некои што сѐ уште имаат идолска свест, го јадат месото како идоложртвувано, а совеста им се осквернува бидејќи е слаба. Храната не нѐ приближува кон Бога. Ниту добиваме нешто ако јадеме, ниту нешто губиме ако не јадеме. Но внимавајте таа ваша слобода да не стане на некој начин препка за сла­бите. Зашто ако некој те види тебе, што имаш знаење, како седиш на трпеза во идолопоклонички храм, нема ли неговата совест, бидејќи е слаб, да биде поттикната да јаде од идоложртвуваното месо? И поради твоето знаење ќе пропадне слабиот, братот за кого умрел Христос. И така, огрешувајќи се кон браќата и повредувајќи ја нивната слаба совест, вие грешите против Христос. Затоа, штом храната го соблазнува мојот брат, тогаш нема да ја­дам месо довека, за да не го соблазнам мојот брат. Не сум ли јас апостол? Не сум ли јас слободен? Не Го видов ли Исус Христос, нашиот Господ? Не сте ли вие мое дело во Господ? Ако за други и не сум апостол, за вас, сепак, сум. Бидејќи вие сте печатот на моето апостолство во Господ. Ова е мојата одбрана против оние што ме осудуваат: Зар немаме право да јадеме и да пи­еме? Немаме ли право да водиме со себе сестра-жена, како другите апостоли, како браќата на нашиот Господ и како Кифа? Или само јас и Варнава немаме пра­во на издршка? Кој војувал некогаш на своја сметка? Кој сади лозје, а не јаде од неговиот плод? Или кој пасе стадо, а не пие од неговото млеко? Зар го зборувам ова само по чо­вечки? Не го вели ли истото и Законот? Бидејќи во Мојсеевиот Закон е на­пи­шано: „Не врзувај ја устата на вол што врши.“ Зар Бог се грижи за воловите? Или го вели тоа, главно, за нас? Да, тоа е напишано за нас; зашто, оној што ора, треба да ора со надеж, и оној што врши, да врши со надеж дека ќе го до­бие она на што се надева. Ако сме го посеале кај вас духовното, многу ли е, ако го ожнееме кај вас телесното? Ако други имаат право на дел од вашиот посед, тогаш немаме ли ние уш­те повеќе? Но ние не го користевме тоа право, туку сѐ трпиме за да не направиме некаква пречка на Христовото благовестие. Не знаете ли дека оние што свеш­те­нодејствуваат, се хранат од свети­лиш­те­то, и дека оние што служат на жртвеникот, делат со жртвеникот? Така и Господ заповедал проповед­ни­ците на благовестието да живеат од благовестието. Но јас не ползував ништо од тоа; и не го напишав ова за така да биде и со мене. Зашто за мене е подобро да ум­рам, отколку некој да ми ја одземе пофалбата. Зашто, ако проповедам благовестие, тоа не е за моја пофалба: бидејќи тоа ми го налага должноста, а тешко мене ако не го про­поведам. Ако доброволно го вршам тоа, то­гаш имам награда; а ако, пак, неволно – тогаш е тоа само извршување на служба што ми е доверена. А каква ми е наградата? Пропове­дајќи, да го предавам Христовото благовестие бес­платно, не ползувајќи го своето право од благовестието. Зашто, иако сум слободен од сите, им станав роб на сите, за повеќето од нив да ги придобијам: за Јудејците станав Јудеец, за да придобијам Јудејци; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и тие под Закон; за оние што се без закон, станав како да сум без закон, иако пред Бога не сум без Закон, туку сум под Законот на Христос, за да ги придобијам и оние што се без закон. За слабите станав слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сѐ, та на каков и да било начин да спасам некои од нив. А ова го правам поради благовестието, за да бидам соучесник во него. Не знаете ли дека на тркалиштето трчаат сите, но само еден добива награда? И вие тр­чајте така, за да ја добиете. Секој натпреварувач се воздржува од сѐ: тие – за да добијат распадлив ве­нец, а ние – нераспадлив. Па сега, јас не трчам така, како без цел; ниту, пак, се борам како оној што удира по ветар, туку го истоштувам и го поробувам телото, за да не се случи, поучувајќи ги другите, самиот да бидам отфрлен. Браќа, не сакам да не знаете дека сите наши татковци беа под облак и сите минаа преку морето, и сите во Мојсеј се крстија во об­ла­кот и во морето; и сите јадеа иста духовна храна; и сите пиеја исто духовно пиење; зашто пиеја од духовната карпа, што ги придружуваше; а таа карпа беше Хрис­тос. Но повеќето од нив не му беа угодни на Бога, затоа загинаа во пустината. А тоа беа примери за нас, за да не бидеме похотливи по злото, како што тие беа похотливи. Не бидете ниту идолопоклоници, ка­ко некои од нив, за кои е напишано: „Народот седна да јаде и да пие, па ста­на да игра.“ И да не блудничиме, како некои од нив што блудничеа, и во еден ден загинаа дваесет и три илјади. И да не Го искушуваме Христос, ка­ко што Го искушуваа некои од нив, па за­гинаа од змии. Немојте ниту да мрморите, како што мрмореа некои од нив, па загинаа од Истре­би­телот. Сето тоа ним им се случуваше за да послужи за пример, а беше запишано за да нѐ опомене нас, до кои стигна крајот на вековите. Па така, оној што мисли дека стои, нека пази да не падне. Никакво искушение не ве зафати, освен човечкото; но верен е Бог, Кој нема да допушти да бидете искушувани над вашите сили, туку заедно со ис­ку­шението ќе ви даде и излез, за да мо­же­те да издржите. Затоа, возљубени мои, бегајте од идолопоклонството. Ви зборувам како на разумни: расу­дете сами за ова што ви го кажувам, Чашата на благословот, која ја бла­гословуваме, не е ли заедница со крв­та Христова? Лебот, што го кршиме, не е ли заедница со телото Христово? Бидејќи лебот е еден, едно те­ло сме и ние многуте, зашто сите сме причесници од еден леб. Видете го Израил по тело: оние што јадат од жртвите, не се ли причесници на жртвеникот? Но што всушност да кажам? Дека идолот е нешто, или дека идолските жртви се нешто? Не! Туку она што го жртвуваат незнабошците, го жртвуваат на демони, а не на Бога; а јас не сакам да бидете во заедница со демоните. Не можете да пиете од Господовата чаша и од чашата на демоните; не мо­жете да учествувате на Господовата тр­пеза и на трпезата на демоните. Или сакаме да побудиме љубомора кај Господ? Та посилни ли сме од Него? Сѐ ми е допуштено, но не е сѐ полез­но. Сѐ ми е допуштено, но не е сѐ за надградба. Никој нека не ја бара својата полза, туку ползата на другиот. Сѐ што се продава на пазар, јадете без никакво испитување поради совеста; зашто „Господова е земјата и сѐ што ја исполнува.“ Ако некој од неверните ве покани и вие посакате да отидете, јадете сѐ што ќе ви изнесат, без никакво испитување поради совеста. Но, ако некој ви рече: тоа е идолска жртва, не јадете – заради оној што ви го рекол тоа, и заради совеста. Зашто „Господова е земјата и сѐ што ја ис­полнува.“ Но не зборувам за твојата совест, ту­ку за совеста на другиот; зошто мојата слобода да би­де судена од туѓа совест? Ако, пак, во јадењето учествувам со благодарност, зошто да бидам хулен за она за кое благодарам? И така, било да јадете, или да пиете, или нешто друго да правите, сето тоа во Божја слава правете го. Не станувајте соблазна ни за Ју­деј­ците, ни за Елините, ниту за Божјата Црква, како што и јас им угодувам на сите во сѐ, не барајќи ја својата полза, туку ползата на мнозина, за да се спа­сат. Бидете мои подражатели, како што сум и јас на Христос! Ве пофалувам, браќа, зашто во сѐ си спомнувате за мене и ги држите пре­да­нијата така како што ви ги предадов. Но сакам да знаете дека глава на секој маж е Христос; а глава на жената е ма­жот; на Христос, пак, глава е Бог. Секој маж, кој се моли или пророкува со покриена глава, ја срамоти својата глава; а секоја жена, која се моли или пророкува со непокриена глава, ја срамоти својата глава, зашто тоа е исто како да е истрижена. Ако жената не сака да се покрива, тогаш нека се стриже; ако, пак, е грдо за жена да се стриже или бричи, тогаш нека се покрива. И така, мажот не треба да ја покрива главата, зашто е образ и слава Божја, а жената е слава на мажот. Зашто не е мажот од жената, туку жената од мажот; и не е мажот создаден за жената, ту­ку жената за мажот. Затоа жената на гла­вата треба да има знак на власта што е над неа, поради ангелите. Па сепак, во Господа, ниту мажот е без жената, ни­ту жената е без мажот. Бидејќи, како што жената е од ма­жот, така и мажот е преку жената; а сѐ е од Бога. Просудете сами во себе: доликува ли жена да Му се моли на Бога со непокриена глава? Зар и самата природа не ве учи дека е срамно за мажот да има долга коса? Но, ако жената има долга коса, тоа е украс за неа, бидејќи косата ѝ е дадена наместо превез. Но, ако некој сака да се препира, ние немаме таков обичај, ниту, пак, Божјите цркви. А заповедајќи ви го ова, не ве фалам, бидејќи, кога се собирате, вие не одите кон подобро, туку кон полошо. Зашто, пред сѐ, слушам и делумно верувам – дека кога се собирате како црква, постојат расколи меѓу вас. А потребно е меѓу вас да има и поделби, за да се истакнат поопитни­те меѓу вас. Вашето собирање, пак, на едно место, не е за јадење на Госпо­довата вечера, зашто на јадењето секој брза да ја земе својата вечера пред другите, така што еден останува гладен, а друг се опива. Зар немате куќи за да јадете и пи­ете? Или ја презирате Божјата Црква и ги срамотите оние, што се сиромашни? Што да ви речам? Да ве пофалам ли за тоа? Не пофалувам! Бидејќи јас го примив од Господ она што ви го предадов; а тоа е дека Господ Исус, во ноќта кога беше предаден, зеде леб, и, откако заблагодари, го прекрши и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело, кое за вас се прекршува, ова правете го во Мој спомен!“ По вечерата, исто така, ја зеде и ча­шата, велејќи: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв; ова правете го секогаш кога ќе ја пиете, за Мој спомен!“ Зашто, секогаш, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господ, додека да дојде Тој. Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од Господовата чаша, ќе биде ви­новен спрема телото и крвта на Господ. Но, секој човек нека се испита себеси и потоа нека јаде од овој леб и нека пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува Господовото тело. Па затоа меѓу вас има многу не­моќ­ни и болни, а мнозина и умираат. Зашто, ако се бевме испитувале са­мите себеси, тогаш немаше да бидеме суде­ни. Но судејќи нѐ, Господ нѐ превос­пи­тува, за да не бидеме осудени заедно со светот. Па така, браќа мои, кога се собирате на јадење, почекувајте се еден со друг. Ако, пак, некој е гладен, нека јаде дома, за да не се собирате за осуда. А останатото ќе го уредам кога ќе дојдам. Во поглед на духовните дарови, браќа, не сакам да бидете во незнаење. Знаете дека, кога бевте незнабошци, како занесени бевте водени кај немите идоли. Затоа ви давам на знаење дека никој што зборува преку Божјиот Дух, не вели: „Проклетство на Исус!“ И никој не може да Го нарече Исус Господ, освен преку Светиот Дух. Даровите се различни, но Духот е ист; и служењата се различни, но Господ е ист; и делувањата се различни, но Бог, Кој извршува сѐ во сите, е ист. Пројавата, пак, на Духот се дава секому, за полза на сите. Бидејќи, преку Духот, на еден му се дава да зборува со мудрост, на друг, преку истиот Дух – да зборува со знаење, некому, пак, во истиот Дух – вера, а на друг – дарови за лекување, во истиот Дух; на еден – творење на чудеса, на друг – пророкување, на еден – разликување на ду­хови, на друг – разни јазици, на некој, пак – толкување на јазиците. Сето ова го прави еден и ист Дух, Кој распределува секому поодделно, ка­ко што сака. И како што телото е едно, а има многу делови, и сите делови од тоа тело, па колку и да се тие, едно тело се, – така е и Христос. Зашто преку еден Дух сите ние сме крстени во едно тело – било Јудејци или Елини, било робови или слободни, и си­те сме напоени со еден Дух. Зашто телото не се состои само од еден дел, туку од многу. Ако ногата рече: „Бидејќи не сум ра­ка, не му припаѓам на телото“, зар поради тоа таа не припаѓа на телото? И ако увото рече: „Бидејќи не сум око, не му припаѓам на телото“, зар поради тоа увото не припаѓа на телото? Кога целото тело би било око, тогаш каде би бил слухот? Кога целото би било слух, тогаш каде би бил мирисот? Но Бог ги поставил деловите, во телото, секој од нив, како што по­са­кал. Кога сите тие би биле само еден дел, тогаш каде би било телото? Сега, пак, навистина се многу делови, но се­пак едно тело. И не може окото да ѝ рече на раката: „Не си ми потребна“, или гла­вата на нозете: „Не сте ми потребни.“ Напротив, оние делови од телото, кои ни изгледаат послаби, се многу по­потребни; и на оние делови на телото, за кои сметаме дека се помалку достојни за чест, им од­да­ваме повеќе почит; и нашите неприлични делови добиваат поголема пристојност. Приличните, пак, делови немаат потреба од чест. Но Бог го составил те­лото така што на запоставените органи им дал поголема чест, та да нема раздори во телото, туку самите делови подеднакво да се грижат едни за други. И ако страда еден дел, тогаш стра­даат сите делови; и ако се слави еден од деловите, тогаш со него се радуваат сите делови. Вие сте телото Христово, а поодделно – членови. И од нив Бог во Црквата постави: прво апостоли, второ пророци, трето учители; потоа со дарови за творење на чудеса, па со дарови за исцеление; за по­магање, за управување и за зборување на разни јазици. Та сите ли се апостоли? Сите ли се пророци? Сите ли се учители? Сите ли се чудотворци? Сите ли имаат дарови да лекуваат? Сите ли зборуваат на разни јазици? Си­те ли толкуваат? Но ревнувајте за поголеми дарови. А сега ќе ви покажам уште по­воз­ви­шен пат: Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, ако љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење, а и така силна вера, што и планини да пре­мес­тувам, – ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да го предадам телото да ми изгори, – ако љубов немам, ништо не ми користи. Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не е непристојна, не го бара своето, не се срди, не памти зло, не ѝ се радува на неправдата, туку ѝ се ра­дува на вистината, сѐ покрива, на сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ поднесува. Љубовта никогаш не престанува. Дарот на пророштво – ќе запре; дарот на јазици – ќе замолкне; на знаење – ќе исчезне. Зашто само делумно спознаваме и само делумно пророкуваме; а кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното. Кога бев дете, зборував како дете, мислев како дете, расудував како дете; а кога станав маж, го оставив детското. Сега гледаме како во огледало, не­јасно, а тогаш ќе видиме лице в лице; сега спознавам делумно, а тогаш ќе спознаам со­вршено, како и самиот што сум спознаен. А сега остануваат овие три нешта: верата, надежта и љубовта; а најголема меѓу нив е љубовта. Стремете се кон љубовта; ревнувајте за духовните дарови, а осо­бено да пророкувате. Зашто, кој зборува на друг јазик, тој не им зборува на луѓе, туку на Бога; бидејќи никој не го разбира, а тој со Духот кажува тајни. А кој пророкува, тој им зборува на луѓето за надградување, утешување и охрабрува­ње. Кој зборува на друг јазик, тој се надградува себеси; а кој пророкува, тој ја надградува Црквата. Но јас би сакал сите вие да зборувате на други јазици, а уште повеќе да пророкувате: зашто оној што пророкува е поголем од оној што зборува јазици – ос­вен ако и ги толкува, за да се надградува Црквата. А сега, браќа, ако дојдам кај вас, и ви зборувам на други јазици, каква полза ќе имате од мене, ако не ви соопштам откровение или знаење, или пророштво, или поука? И бездушните предмети што даваат звук, како кавалот или лирата, ако не даваат разни гласови, како ќе се разбере што свири кавалот или гуслата? И, ако трубата дава неодреден звук, тогаш кој ќе се готви за бит­ка? Така и вие, ако со јазикот не из­говарате разбирливи зборови, како ќе се разбере кажаното? Ќе говорите во ветер. Во светот има којзнае колку разни говори, и ниеден од нив не е без зна­че­ње. Ако, пак, не го разбирам значењето на тие говори, тогаш за оној што збо­рува ќе бидам туѓинец, а и тој за мене ќе е туѓинец. Така и вие, бидејќи сте ревнители за духовни дарови, грижете се да ги до­биете во изобилство, за надградување на Црквата. Затоа, оној што зборува на друг ја­зик, нека се моли за дар да може да го толкува. Зашто, ако се молам на друг јазик, се моли мојот дух, а мојот ум ос­та­нува бесплоден. Па што да се прави? Ќе се мо­лам со духот, но ќе се молам и со умот; ќе воспевам со духот, но ќе воспевам и со умот. Зашто, ако благословуваш со духот, како некој што е неук ќе рече: „Амин!“ на твоето благода­рење, кога не разбира што велиш? Ти навистина благодариш убаво, но другиот не се изградува. Му благодарам на мојот Бог, зашто зборувам на други јазици повеќе од сите вас; но в црква повеќе сакам да кажам пет разбирливи зборови, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик. Браќа, не бидете деца по умот; за злото бидете како дечиња, а по умот бидете зрели. Во Законот е напишано: „Преку луѓе со туѓи јазици и преку усните на туѓинци ќе му зборувам на овој народ, но и така нема да Ме пос­лу­ша, вели Господ.“ Затоа јазиците не се знак за оние што поверувале, туку за оние што не поверувале; а пророштвата не се знак за оние што не веруваат, туку за оние што веруваат. И така, ако целата црква се собере на едно место и сите почнат да зборуваат на непознати јазици, а дојдат и неуки луѓе или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе? Но, ако сите пророкуваат, а дојде некој неверник или неук човек, тој од сите ќе биде обвинуван и од сите ќе биде осудуван, па така тајните на неговото срце ќе излезат на виделина, и тој ќе падне ничкум, ќе Му се поклони на Бога и ќе изјави: „Бог навистина е со вас.“ Па што тогаш, браќа? Кога се собира­те, секој од вас има нешто – кој псалм, кој по­ука, кој јазик, кој откровение, кој толкување. Сѐ нека биде за надградување. Ако некои зборуваат на непознат ја­зик, нека говорат по двајца или најмногу тројца, и тоа со ред, а еден нека толкува. А ако нема толкувач, тогаш в црква нека молчат, а нека си зборуваат во себе и на Бога. Пророците, пак, нека зборуваат двајца или тројца, а другите нека расудуваат. Но, ако на некој друг што седи му дојде откровение, тогаш првиот нека замолчи. И така, еден по еден, сите можете да пророкувате, та сите да се поучат и сите да се охрабрат. И пророчките духови им се покоруваат на пророците; зашто Бог не е Бог на безредие, туку на мирот. Како што е по сите црк­ви меѓу светиите, вашите жени нека молчат во црквите. Ним не им е допуштено да зборуваат, туку да се потчинуваат, како што вели и Законот. А ако сакаат да научат нешто, нека ги прашаат своите мажи дома; зашто срамно е за жените да зборуваат в црква. Зар од вас излезе словото Божјо? Или, пак, само до вас стигна? Ако некој мисли дека е пророк или духовен, нека знае дека ова што ви го пишувам се Господови заповеди. А ако некој не разбира, нека не разбира. И така, браќа, покажете ревност за про­ро­кување и не го забранувајте говорењето на други јазици. Сѐ нека биде пристојно и уредно. Ви напоменувам, браќа, за благовестието што ви го проповедав, а кое вие го примивте и во кое стоите. Преку него и се спасувате, ако го држите дословно како што ви го проповедав, освен ако не сте поверувале напразно. Зашто, најнапред ви го предадов она што го бев и примил: дека Христос умре за на­шите гревови, според Писмата; дека беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата, и дека му се јави на Кифа и потем на Дванаесетте; потоа им се јави на повеќе од петстотини браќа одеднаш, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа; после му се јави на Јаков, и потоа на сите апостоли, а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче, зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата Црква. Но, со Божјата благодат сум тоа што сум, и Неговата благодат, која е во ме­не, не беше напразна, туку се пот­рудив повеќе од сите нив; но не јас, туку Божјата благодат, која е со мене. И така, било јас или тие, така про­поведаме, и вие така поверувавте. Но, ако се проповеда дека Христос воскреснал од мртвите, како тогаш не­кои меѓу вас велат дека нема воскресение на мртвите? А ако нема воскресение на мрт­вите, тогаш и Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш напразна е нашата проповед, напразна е и вашата вера. Притоа, би се покажале и како лажни Божји сведоци, бидејќи сведочевме против Бога, велејќи дека Го воскреснал Христос, Кого Тој не Го воскреснал, ако мртви­те навистина не воскреснуваат. Зашто, ако мртвите не воскреснува­ат, ни Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, залудна е вашата вера; вие сте уште во своите гревови; тогаш и оние, што починале во Хрис­тос, загинале. И, ако само во овој живот се надева­ме на Христос, ние сме најбедни од сите луѓе. Но, ете, Христос воскресна од мрт­вите, и со тоа стана првиот плод за починатите. Бидејќи, како што преку чо­ве­к дојде смртта, така преку Човек дојде и воскресението од мртвите. И како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат ожи­ве­ани; но секој по свој ред: Христос е пр­виот плод; потоа, при Неговото до­аѓа­ње, ќе воскреснат сите што се Хрис­тови. А потоа ќе настапи крајот, кога ќе Му го предаде царството на Бога и Отецот, кога ќе го уништи секое началство и секоја власт и сила. Бидејќи Тој треба да царува „додека не ги положи сите непријатели под Своите нозе“. Последен непријател што ќе биде уништен е смртта, зашто Бог „сѐ потчинил под Неговите нозе“; а кога се вели: „Сѐ Му е Нему потчинето“, јасно е дека тоа сѐ не се однесува на Оној што Му потчини сѐ. Кога, пак, ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Му потчини сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ. Инаку, што ќе направат оние, кои се крштеваат за мртвите? Ако мртвите воопшто не воскреснуваат, зошто тие се крштеваат за нив? Зошто и ние секој час се из­ложуваме на опасност? Умирам секојдневно – се колнам во вашата пофалба, што ја имам во Христос Исус, нашиот Господ. Каква е мојата полза ако во Ефес, како човек, се борев со ѕверови, штом мртвите не воскреснуваат? Ако мртвите не воскреснуваат – „Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе ум­ре­ме!“ Не лажете се: „Лошите дружби ги расипуваат добрите обичаи!“ Отрезнете се еднаш како што треба, и не грешете! Зашто некои од вас не зна­ат ништо за Бога – за ваш срам го велам ова. Но, некој ќе рече: како ќе воскреснат мртвите и во какво тело ќе дојдат? Безумниче, тоа што го сееш ти, не оживува, ако не умре. А кога сееш, не го сееш телото што ќе настане, туку голо зрно, било да е пченично или некое друго; но Бог му дава тело, какво што са­ка, и тоа на секое семе негово сопствено тело. Не секое тело е исто тело: едно е телото на човек, а друго е телото на жи­вотно, друго на риба и друго на птица. Има небесни тела и земни тела, но еден е сјајот на небесните, а друг на земните; еден е сјајот на сонцето; друг е сјајот на месечината, инаков е, пак, на ѕвездите; па и ѕвезда од ѕвезда по сјајот се разликува. Така е и со воскресението на мрт­ви­те: се сее распадливо – воскреснува нераспадливо; се сее во бесчестие – воскреснува во слава; се сее во немоќ – воскреснува во сила; се сее тело душевно – воскреснува тело духовно. Постои душевно тело, постои и духовно тело. Така е и напишано: „Првиот чо­век Адам стана жива душа“, а последниот Адам – животворен дух. Но не е прво духовното, туку душев­ното, а потоа духовното. Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небото. Каков е земјениот, такви се и земје­ните; и каков е Небесниот, такви се и небесните; и како што го носевме образот на земјениот, така ќе го носиме и образот на Небесниот. А ова ви го велам, браќа: телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо, ниту распадливото наследува нераспадливост. Еве, тајна ви кажувам; нема да умереме сите, но сите ќе се измениме, одеднаш, дури да трепнеш, при пос­ледната труба. Зашто таа ќе затруби и мрт­вите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме; зашто распадливото треба да се облече во нераспадливост, а смртното – да се облече во бесмртност. А кога ова, распадливото, ќе се облече во нераспадливост, и она, смртното, во бесмртност, тогаш ќе се збидне напишаното слово: „Победата ја проголта смртта.“ „О, аду, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата?“ Осилото на смртта е гревот, а силата на гревот е Законот. Но, да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос. И така, браќа мои возљубени, би­де­те цврсти, непоколебливи и секогаш богати во Господовото дело, знаејќи де­ка вашиот труд во Господа не е напразен. А што се однесува до собира­њето милостина за светиите, пра­вете и вие онака како што одредив за црквите во Галатија. Во секој прв ден од седмицата, секој од вас нека си остава настрана, собирајќи колку што може, за собирањето да не се врши кога ќе дојдам. А кога ќе дојдам, ќе ги испратам со писма оние што вие ќе ги одобрите, за да го однесат вашиот дар во Еруса­лим. Ако, пак, е потребно да отидам и јас, тие ќе појдат со мене. Кај вас ќе дојдам откако ќе ја поминам Македонија, зашто ќе минам низ Македонија. А можно е да се задржам, па дури и да презимам кај вас, та каде да одам, да бидам придржуван од вас. Бидејќи не сакам сега да ве ви­дам само на минување, туку, се надевам, ако до­пушти Господ, да поминам некое време кај вас. А во Ефес ќе останам до Пе­де­сет­ни­ца, зашто за мене се отвори голема и за работа погодна врата, а противници има многу. Ако, пак, дојде Тимотеј, гледајте меѓу вас да биде спокоен; зашто тој го извршува делото Господово, како и јас. Никој да не го презира, туку испра­тете го во мир, та да дојде кај мене, зашто го очекувам со браќата. А за Аполос – него го молев многу да дојде кај вас со браќата, ама никако не сакаше да дојде сега. Но, ќе дојде, кога ќе биде по­годно. Бидете будни, стојте во верата, држете се машки, бидете крепки. Сѐ што правите нека биде со љу­бов. Уште ве молам, браќа: знајте дека семејството на Стефанин е првиот плод на Ахаја и дека тие се предадоа себеси на служба на светиите. Покорувајте им се и вие на такви и на секој што соработува и се труди! Се радувам што дојдоа Стефанин, Фортунат и Ахаик: тие го пополнија ва­шето отсуство, зашто го успокоија и мојот дух и вашиот. Ценете ги таквите! Ве поздравуваат црквите од Азија; многу ве поздравуваат во Господа Акила и Прис­кила со нивната домашна црква. Ве поздравуваат сите браќа. Поз­дравете се еден со друг со свет целив! Ве поздравувам јас, Павле, своерач­но. А оној што не Го љуби Господ Исус Христос, нека биде проклет. Маран ата! Благодатта на Господ Исус Христос нека биде со вас. Мојата љубов нека биде со сите вас во Хрис­тос Исус. Амин. Павле, по Божја волја апостол на Исус Христос, и братот Тимотеј, до Божјата црква која е во Коринт, заедно со сите светии што се по цела Ахаја: благодат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и од Господ Исус Христос! Нека е благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на милосрдноста и Бог на секоја утеха, Кој нѐ утешува во секоја наша не­волја, за и ние да можеме да ги уте­ши­ме оние што се во секаква неволја преку утехата со која ние самите сме утешувани од Бога! Зашто, како што во нас изобилуваат Хрис­товите страдања, така изобилува и нашата утеха преку Христос. Ако сме во неволја – тоа е за ваша утеха и спасение. Таа станува делотворна преку претрпување на истите страдања што ги трпиме и ние; а и нашата надеж за вас е цврста. И кога се утешуваме, се утешуваме за ваша утеха и спасение знаејќи дека како што учествувате во нашите страдања, така ќе бидете учесници и во утехата. Браќа, не сакаме да ве оставиме во незнаење за не­волјата што нѐ снајде во Азија: дека бевме оптоварени прекумерно, далеку над нашите сили, така што не се надевавме ни живи да останеме. Дури и самите ја прифативме во себе смртната пресуда за да не се надеваме на себеси, туку на Бога, Кој ги воскреснува мртвите. Тој нѐ избави од толку страшната смрт – и уште нѐ избавува; на Него се надеваме дека и понатаму ќе нѐ избавува, па, потпомогнати и со вашите молитви за нас, да биде воздадена благодарност од многу луѓе за благодатта што ни е дарувана преку молитвите на мнозина. Бидејќи нашата пофалба е оваа: сведоштвото на нашата совест дека во светот, а особено меѓу вас, живееме со простодушност и искреност Божја, не според телесна мудрост, туку според благодатта Божја. Зашто не ви пишуваме ништо друго, освен ова што го читате и разбирате, па се на­девам дека и до крај ќе го разберете, како што веќе донекаде и нѐ разбравте – дека ние сме ваша пофалба, како и вие наша, во денот на Господ Исус. И со таа увереност сакав да дојдам кај вас порано, та повторно да примите благодат, и преку вас да заминам за Маке­до­нија, а од Македонија пак да дојдам кај вас, та вие да ме придружите до Јудеја. Но, посакувајќи го ова, лесно­мислено ли постапив? Или, пак, ова што го посакувам, според телото ли го посакувам, та моето „да, да“ истовремено да биде и „не, не“? Но Бог е верен сведок дека нашиот збор до вас не беше и „да“ и „не.“ Зашто Синот Божји, Исус Христос, Кого ние – јас и Силуан и Тимотеј – Го проповедавме меѓу вас, не беше и „да“ и „не“, туку во Него беше „да“, бидејќи сите Божји ветувања во Него се „да“, и во Него е „амин“, за Божјата сла­ва преку нас. А Оној што нѐ помаза и во Христа нѐ утврдува со вас е Бог; Тој и нѐ запечати и ни го даде залогот на Духот во нашите срца. А јас Го повикувам Бога за сведок на мојата душа дека само за да ве поштедам досега не дојдов во Коринт. Но, не дека ние господариме со вашата вера, туку сме само сотрудници на ва­ша­та радост, бидејќи во верата вие стоите цврсто. Па, во себе решив да не доаѓам повторно нажален кај вас, зашто, ако јас ве нажалам, тогаш кој ќе ме зарадува, ако не оној кого сум го ожалостил? Ова истото и ви го напишав, та, кога ќе дојдам, да не ме ожалостат оние кои треба да ме зарадуваат; бидејќи сум уве­рен во сите вас дека мојата радост е радост и за сите вас. Зашто од голема жалост и со болка на срцето ви пишував низ многу солзи, не за да ве ожалостам, туку за да ја познаете преголемата љубов што ја имам кон вас. Ако, пак, некој ме ожалостил, не ме ожалостил само мене, туку донекаде – да не претерам – и сите вас. На таквиот доволна му е самата казна што ја претрпел од мнозинството; така што за вас е подобро спротивното – да му простите и да го утешите, за да не про­падне од преголема жалост. Заради тоа, ве молам кон него да покажете љубов. Токму затоа и ви напишав, за да ве испитам и да дознаам дали сте послушни во сѐ. А кому вие му простувате нешто, му простувам и јас; зашто ако и сум простил некому нешто, сум му простил заради вас, пред лицето на Христос, за да не нѐ прелаже сатаната, зашто неговите намери не ни се непознати. Кога дојдов во Троада да го про­по­ведам Христовото благовестие, иако вратата ми беше отворена во Господ, мојот дух немаше спокој, бидејќи таму не го најдов мојот брат Тит; и за­тоа, откако се простив со нив, заминав за Македонија. Но да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Хрис­тос, и на секое место преку нас го пројавува мирисот на спознанието за Него. Зашто ние сме Му на Бога благопријатен Христов мирис и меѓу оние кои се спасуваат и меѓу оние кои про­па­ѓаат. На едните сме им смртоносен мирис за смрт, а на другите животворен мирис за живот. И кој е способен за ова? Зашто ние не сме како мнозина други кои тргуваат со словото Божјо, туку го про­поведаме искрено, како од Бога, пред Бога, во Христос. Повторно ли почнуваме да се препорачуваме себеси? Или, како кај некои, можеби ни се потребни писма со препораки за вас или со препораки од вас? Вие сте нашето писмо, напишано во нашите срца, што го познаваат и читаат сите луѓе. Јасно е дека вие сте Христово пис­мо, составено преку нашето служење, на­пишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог, не врз камени плочи, туку врз телесните плочи на срцето. Ваквата увереност во Бога ја имаме преку Христос. И не дека самите ние сме склони да го сметаме она што доаѓа од нас како наше, туку наша­та способност доаѓа од Бога; Кој и нѐ оспособил да бидеме слу­жители на Новиот завет, не на буквата, туку на Духот; зашто буквата убива, а Духот оживотворува. Ако, пак, служењето на смртта, врежано во камења со букви, стана толку славно што Израилевите синови не мо­жеа да погледаат во лицето на Мојсеј, поради славата на неговото лице, којашто минува, тогаш колку пославно ќе биде служењето на Духот?! Зашто, ако служењето што води кон осудување било славно, тогаш колку повеќе ќе изобилува со слава служе­ње­то што води кон праведност! И навистина, она што беше прос­ла­ве­но не беше вистински прос­ла­ве­но, ако се спореди со славата што го надминува. Зашто, ако е славно она што е минливо, тогаш многу пославно ќе биде она што е трајно. И така, имајќи таква надеж, ние деј­ствуваме со голема слобода, а не како Мојсеј кој ставаше превез на своето лице за Израилевите си­но­ви да не го видат крајот на минливото. Но нивните умови заслепеа, бидејќи и до ден денес, кога се чита Стариот за­вет, им стои истиот превез, зашто тој се симнува само преку Христос. Па така, и до ден денес, кога се чита Мојсеј, превезот лежи на нивното срце. Но, кога ќе се обратат кон Господ, превезот им се симнува. А Господ е Духот; а каде што е Ду­хот Господов, таму има слобода. Ние, пак, сите со откриено лице ја одразуваме славата Господова, преобразувајќи се во истиот лик, од слава во слава, како од Духот Господов. Затоа, имајќи ја оваа служба, според милоста што ни е дадена, ние не паѓаме со духот; туку се одрековме од прикриени срамни дела, не постапуваме лукаво, ниту го изопачуваме словото Божјо, туку преку објавувањето на вистината се препорачуваме на совеста на секој човек пред Бога. Дури и ако е покриено нашето благовестие, тоа е покриено за оние што пропаѓаат; за оние, на кои богот од овој свет им ги заслепил нивните неверни умови, за да не ги осветли светлината на благо­вес­ти­ето за славата на Христос, Кој е образ на Бога. Зашто ние не се про­по­ведаме себеси, туку Господ Исус Христос, а себеси, заради Исус, се сметаме за ваши слуги. Зашто Бог, Кој беше рекол светлината да блесне од темнината, Тој ги озари нашите срца, за познанието на Божјата слава да свети во лицето на Исус Христос. Но таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да биде од Бога, а не од нас. Од секаде сме угнетувани, но не сме потиштени; во недоумица сме, но не губи­ме надеж; нѐ гонат, но не сме напуштени; нѐ соборуваат, но не сме уништени. И секогаш во нашето тело ја но­си­ме смртта на Господ Исус, та и Исусовиот живот да се открие во нашето тело. Зашто ние, живите, постојано сме изложувани на смрт заради Исус, та и Исусовиот живот да се открие во нашето смртно тело. Така, смртта дејствува во нас, а жи­вотот – во вас. А бидејќи го имаме тој ист дух на верата, како што е напишано: „По­ве­рував и затоа говорев“, и ние веруваме, па затоа и говориме, бидејќи знаеме дека Оној Кој Го воскресна Господ Исус и нас ќе нѐ вос­кресне преку Исус и ќе нѐ постави со вас. Зашто сѐ е заради вас, та благодатта, умножена преку мнозина, да направи да биде изобилна благодарноста, во слава на Бога. Затоа ние не паѓаме со духот; туку, дури и ако нашиот надворешен човек се распаѓа, внатрешниот од ден на ден се обновува. Зашто нашето краткотрајно лесно страдање ни носи преумножена и преобилна вечна слава, зашто ние гледаме не кон видливото, туку кон невидливото, бидејќи вид­ливото е времено, а невидливото – веч­но. Знаеме дека ако нашето земно жи­веалиште – нашето тело, што е како шатор – се сруши, сепак од Бога имаме здание, неракотворен вечен дом на небесата. Бидејќи во него воздивнуваме, копне­ејќи да се облечеме во своето небесно живеалиште; и доколку навистина бидеме облечени, нема да се најдеме голи. Зашто и ние, наоѓајќи се во овој шатор, воздивнуваме обременети; бидејќи не сакаме да бидеме соблечени, туку да се преоблечеме, та животот да го проголта смртното. А Бог, Кој нѐ создаде токму за ова, ни го даде и залогот на Духот. И затоа, секогаш сме смели, иако знаеме дека сѐ додека живееме во телото, ние сме далеку од Господ, бидејќи живееме според верата, а не според гледањето. Но смели сме и претпочитме да го напуштиме телото и да се прибереме кај Господ. Затоа и се стремиме да Му бидеме угодни, било да престојуваме во телото или да го напуштаме. Зашто сите треба да се појавиме пред Христовиот судски престол, та секој да прими што заслужил, според она што го из­вр­шил во своето тело, било тоа да е добро или зло. Така, знаејќи го стравот Господов, ние ги уверуваме луѓето, а на Бога сме Му добро познати: се надевам дека сум познат и на вашата совест. Но не ви се нудиме себеси повторно, туку ви даваме повод вие да се фалите со нас, та да имате одговор пред оние кои се фалат со тоа што е на лицето, а не со тоа што е во срцето. Зашто, ако сме се избезумиле, тоа е заради Бога; ако сме присебни, тоа е заради вас. Бидејќи Христовата љубов нѐ опфаќа кога вака расудуваме: ако еден умрел за сите, тогаш сите умреле. А Тој умре за сите, та живите веќе да живеат не за себе, туку за Оној што умре за нив и воскресна. Затоа ние отсега никого не позна­ва­ме по тело; иако и Христос Го познавме по тело, сега веќе не Го познаваме така. Па оттаму, ако некој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, сѐ стана ново. А сѐ е од Бога, Кој нѐ измири со Себе преку Исус Христос и ни го довери слу­же­њето на тоа измирување. Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос, не земајќи ги предвид престапите на луѓето, и го положи во нас словото на измирување. Па така, како Бог умилно да бара преку нас – Христовите намесници, ве молиме во името на Христос: помирете се со Бога! Зашто Оној што не го позна гревот, Бог Го направи грев заради нас, за преку Него да станеме Божја праведност. Како Христови соработници, ве молиме да не ја примате напразно Божјата благодат. Зашто Тој вели: „Во благопријатно време те услишав и во денот на спасе­ние­то ти помогнав.“ Еве, сега е благопријатното време; еве, сега е денот на спа­сението! Никому никаков повод за соблазна не даваме, за да не биде презрено нашето служење, туку во сѐ се покажуваме како Божји слу­жители: во големо трпение, во неволји, во нужди, во тегоби, при удирања, во затвори, во бунтови, во напори, во бденија, во пости, во чистота, во знаење, во долготрпеливост, во добрина, во Светиот Дух, во нелицемерна љубов, во слово на вистината, во Божја сила, преку оружјето на правдата во десната и во левата рака, низ слава и понижување, низ кудење и по­фалби; нѐ сметаат за измамници, а ние сме вистинити; за непознати, а добро сме познати; како да сме на умирање, а ете – живи сме; како казнети, но не убиени; како нажалени, а секогаш сме весели; како сиромашни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а сѐ имаме. Нашата уста се отвори за вас, Ко­ринтјани, нашето срце се рашири. Не ви е тесно во нас, туку тесно ви е во вашите срца. Ви зборувам како на чеда: за возврат, бидете широки и вие. Не впрегнувајте се заедно со неверниците; бидејќи што има заедничко меѓу праведноста и беззаконието? Или каква заедница има светлината со темнината? Какво согласие може да има меѓу Христос и Велијар? Или, што има заедничко меѓу верник и неверник? Каква согласност има Божјиот храм со идолите? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: „Ќе се вселам среде нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.“ „Затоа излезете од нивната средина и одделете се“, вели Господ, „Не до­пирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам! И Јас ќе ви бидам Татко, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки“, вели Гос­под Седржителот. И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секоја нечистота на телото и на духот, усовршувајќи ја светоста во страв Божји. Примете нѐ во вашите срца. Никого не онеправдуваме; никого не упропастивме, никого не искористивме. Ова не го зборувам за да осудувам, зашто и пред малку реков дека сте во нашите ср­ца, за заедно да умреме и заедно да живееме. Довербата во вас ми е голема и пофалбата за вас ми е голема. Се исполнив со утеха, преизобилувам со радост и покрај сите наши маки. Зашто и кога дојдовме во Македонија, нашето тело немаше никаква оддишка, туку отсекаде бевме притеснети во маки; однадвор борби, одвнатре стравови. Но Бог, Кој ги утешува понизните, нѐ утеши со доаѓањето на Тит. И не само со неговото доаѓање, туку и со утехата, со која тој беше утешен поради вас, известувајќи нѐ за вашиот копнеж, за вашиот плач, за вашата рев­ност за мене, така што јас уште по­веќе се зарадував. Зашто, дури и да сум ве ожалостил со посланието, не ми е жал, иако ми беше жал, бидејќи гледам дека тоа послание, макар и за час, ве нажалило. Сега се радувам не затоа што се ожа­лостивте, туку затоа што се ожалостивте за покајување; бидејќи се ожалостивте по Бога, за никаква штета да не претрпите од нас. Бидејќи жалоста угодна на Бога, создава неколебливо покајание за спасение, а световната жалост создава смрт. Зашто, ете, токму тоа што се ожалостивте угодно на Бога, во вас предизвика не само загриженост, туку правдање, па огор­чу­ва­ње, и страв, и копнеж, и ревност, и отплата за стореното! Со сѐ по­ка­жав­те дека во тоа дело сте чисти. Така, ако и ви напишав, тоа го на­правив не поради тој што онеправдувал, ниту поради оној што бил онеправдан, туку за да се покаже вашата загриженост за нас пред Бога. Затоа се утешивме. А покрај утехата од вас, а уште повеќе се зарадувавме поради радоста на Тит, зашто сте го успокоиле неговиот дух. Зашто, дури и да сум се пофалил со нешто за вас пред него, јас не се посрамив, туку, како што секогаш пред вас сме ја зборувале вистината, така и пофалбата пред Тит се покажа вистинита. А неговото срце е уште понаклонето кон вас, кога ќе се сети за послушноста на сите вас, како сте го примиле со трепет и страв. Затоа, се радувам дека во сѐ мо­жам да имам доверба во вас. Браќа, ве известуваме за Божјата благодат, дадена на македонските цркви, дека и покрај големото испитување во маката, нивната радост беше изобилна; а нивната длабока сиромаш­тија се прели во богатство на дарежливост. Зашто сведок сум дека тие доброволно даваа според своите можности, па дури и над своите можности, со голема усрдност просејќи го од нас благодатниот дар и учеството во слу­жувањето на светиите; и тоа не само како што се надевавме, туку тие најнапред себеси се предадоа на Господ, а потоа, по Божја волја, и нам. Затоа го замоливме Тит да го заврши ваквото благодејание кај вас, така како што и го беше започнал И како што изобилувате во сѐ: и во ве­ра­та, и во словото, и во знаењето, и во секаква грижливост, и во вашата љубов кон нас, така да изобилувате и во таа благодат. Ова не го велам како заповед, ту­ку за да ја ис­питам и искреноста на вашата љубов преку усрдноста на другите. Бидејќи ја знаете благодатта на нашиот Господ Исус Христос, дека Тој, иако богат, осиромаши заради вас, за вие да се збогатите преку Неговата сиромаштија. А за ова ви давам само совет, зашто тоа е полезно за вас, кои не само што го правите тоа што го почнавте, туку и посакавте да го правите уште од минатата година. А сега довршете го започнатото, та, како што бевте усрдни во неговото посакување, така да бидете и во неговото довршување, според можностите. Зашто, ако се има усрдност, таа е благопријатна според тоа колку некој ја има, а не колку ја нема. Затоа не сакам на другите да им би­де олеснето, а вам – отежнато, туку да има еднаквост: вашиот сегашен вишок да го дополни нивниот не­достиг, та и нивниот ви­шок да послужи за вашиот не­достиг, па да има еднаквост, како што е напишано: „Кој собра многу, немаше вишок; и кој малку, немаше не­достиг.“ Но Му благодариме на Бога, Кој во срцето на Тит положи толкава грижливост за вас. Тој ја прифати мојата молба и би­дејќи многу ревносен, доброволно тргна кон вас. Со него го испративме братот кој, за неговото бла­говестие, е по­фалуван по сите цркви; и не само тоа, туку беше и избран од црквите за да нѐ придружува во ова дело на благодатта, на кое му служиме за слава на Самиот Господ и како израз на нашето усрдие, пазејќи се, да не нѐ укори некој по­ради обилните прилози, за чие собирање се грижиме. Зашто ние се грижиме за она што е добро не само пред Господ, туку и пред луѓето. Со нив го испративме и нашиот брат, чија ревност многупати сме ја ис­питале во многу работи, и кој сега е уште поревносен поради големата уве­реност во вас. Што се однесува до Тит, тој е мој другар и сотрудник меѓу вас; а што се однесува до нашите браќа, тие се пратеници на црквите, Христова слава. Па така, посведочете им го ним и пред лицето на црквите, доказот за вашата љубов и за оправданоста на нашата пофалба кон вас. Во врска со помагањето на светиите, сметам дека е излишно да ви пишу­вам, зашто ја познавам вашата спремност, за која се фалам со вас пред Ма­ке­донците: дека Ахаја приготвила помош уш­те од лани и дека вашата ревност поттикна мнозина. А браќата ги испратив за да не биде напразна нашата пофалба за вас, туку, како што велев, да бидете приготвени, па, ако дојдат со мене Македонци и ве најдат неприготвени, да не оста­не­ме посрамени ние – да не речам вие, от­како ве пофаливме со толкава увереност. Затоа, сметав дека е потребно да ги замолам браќата претходно да дојдат кај вас, за да го приготват вашиот претходно ветен дар, па да биде приготвен како дар, а не како изнуда. Ова, пак, ви го велам: кој скр­жаво сее, скржаво и ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее. Секој да дава како што одлучил во срцето, а не со жал или принуда; зашто Бог го љуби оној што дава од срце. А Бог може изобилно да излее секаква благодат врз вас, та имајќи секогаш, и во сѐ, секакво изобилство, да преуспевате во секое добро дело. Како што е напишано: „Раздаде, им даде на сиромашните; Неговата правда останува довека.“ А Оној Кој му дава на сејачот семе и леб за храна, Тој ќе го умножи и вашето семе, и ќе направи да изобилуваат плодовите на вашата правда, па во сѐ да се збогатите за секаква дарежливост, која преку нас предиз­викува благодарност кон Бога. Бидејќи извршувањето на тоа служење не само што ги надополнува потребите на светиите, туку и во мнози­на предизвикува обилна благодарност кон Бога; и тие, користејќи ги плодовите од тоа служење, Го прославуваат Бога за ва­шето покорно исповедање на Христовото благовестие и за дарежливоста на вашата заедница со нив и со сите други. А тие, со молитви за вас, копнеат по вас поради преизобилната Божја благодат пројавена на вас. Да Му благодариме на Бога за Неговиот неискажлив дар! Јас, Павле, истиот кој кога сум присутен меѓу вас сум понизен, а во отсуство сум одважен кон вас – заради Христовата кроткост и благодарност ве преколнувам и ве молам, кога ќе бидам кај вас, да не бидам предизвикан одважно да истапам, како што мислам да истапам кон некои, што за нас сметаат дека живееме по телото. Зашто, иако живееме во тело, ние не војуваме според телото. Оружјето на нашето војување не е телесно, но, со Божја помош, е силно за рушење на тврдини. Со него ние уништуваме мудрувања и секаква горделивост што се крева против познанието за Бога, и ја заробуваме секоја мисла за да Му биде послушна на Христос; и кога ќе се исполни вашата послушност, спремни сме да казниме секаква непослушност. На надворешноста ли гледате? Ако некој е уверен во себе дека е Христов, нека размисли повторно, та да увиди дека, како што е тој Христов, така сме и ние Христови. Зашто, дури и да се пофалам малку повеќе со нашата власт, која ни ја даде Господ за ваше изградување, а не за разорување, нема да се посрамам. Но никој нека не помисли дека преку посланијата ве заплашувам. Бидејќи посланијата, ќе рече некој, навистина му се значајни и силни, но неговата телесна појава – неубедлива; а проповедта безвредна. Таквиот нека го разбере ова: какви што сме во словото на посланијата кога сме отсустни, такви сме и на дело кога присуствуваме. Зашто не се осмелуваме да се вбројуваме или да се споредуваме со некои од оние што сами се препорачуваат; тие не раз­бираат дека се споредуваат сами со себе и се мерат само со себе. Ние, пак, нема да се фалиме прекумерно, туку според определената мерка којашто Бог ни ја одредил – мерката којашто доп­ира сѐ до вас. Зашто ние не посегаме преку својата мера, како да не сме стигнале до вас, туку дури и до вас допревме со благовестието Христово. Не се фалиме прекумерно со туѓиот труд, но се надеваме дека со растењето на вашата вера и ние, според на­шата мера, изобилно ќе пораснеме меѓу вас, за да го проповедаме благовестието и подалеку од вас, а не да се фалиме со сработеното во туѓа област. „Кој се фали, нека се фа­ли во Господа!“ Зашто, не е признаен оној што са­миот себе се препорачува, туку оној ко­го што Господ го препорачува. Ех, да можевте да го потрпите малку моето безумие! Да, потрпете ме! Зашто за вас ревнувам со Бож­ја ревност; бидејќи ве свршив за еден маж, та како чиста девица да ве претставам на Христос. Но се плашам да не би, како што змијата со своето лукавство ја измами Ева, така и вашите мисли да се одвратат од вашата искреност кон Христос. Зашто, ако некој дојде да про­по­веда друг Исус, кого ние не сме го проповедале; или, ако добиете друг дух, кого не сте го добиле, или друго благовестие, кое не сте го примиле, вие добро би го поднеле. Но јас мислам дека во ништо не сум помал од надапостолите. Па дури и да сум невешт во говорот, во зна­­ењето не сум. Впрочем, тоа ви го покажавме во сѐ и со сѐ. Направив ли грев кога, понизувајќи се себеси за да се издигнете вие, на дар ви го проповедав Божјото благовестие? Други цркви оштетив, земајќи од нив издршка, за да ви служам вам, и додека бев кај вас, иако бев во оскудност, ни­кому не му бев на товар, зашто во мојата оскудност ми по­могнаа браќата што дојдоа од Ма­ке­до­нија. Па и во сѐ друго се пазев и ќе се пазам, да не ви бидам на товар. Христовата вистина е во мене и никој нема да ми ја земе оваа пофалба во ахајските краеви. А зошто? Затоа ли што не ве љубам? Бог знае! Но, она што го правам, ќе го пра­вам и понатаму за да не им дадам повод на оние што бараат повод, па да се изедначат со нас во она за кое се фалат. Зашто таквите се лажни апостоли, лукави работници, кои се пре­пра­ваат во Христови апостоли. И не е за чудење! Па и самиот са­та­на се преправа во ангел на светлината. Па така, и не е големо нешто ако и неговите служители се преправаат како служители на правдата; но крајот ќе им биде според нивните дела. Повторно велам: никој нека не ме смета за безумен. А и ако ме сметате, барем како безумен примете ме, та и јас малку да се пофалам со нешто. А ова што го зборувам со таква одважност во фалењето, не го зборувам според Господ, туку како во безумие. Бидејќи мнозина се фалат по телото, ќе се пофалам и јас. Зашто и вие, кои сте мудри, љубезно ги поднесувате безумните; зашто вие сте трпеливи кога некој ве поробува, кога некој ве јадосува, кога некој ве искористува, кога некој се воздигнува над вас, ако некој ве удира по лице. Со срам зборувам дека и ние сме биле слаби. Но ако некој се осмели, во безумство говорам, ќе се осмелам и јас. Евреи ли се? И јас сум! Израилци ли се? И јас сум! Авраамово потомство ли се? И јас сум! Христови служители ли се? Во без­умство зборувам: јас сум уште повеќе. Повеќе се трудев, безмерно бев камшикуван, повеќе бев во затвори, често бев во смртна опасност. Од Јудејците примив петпати по четириесет без еден удар; трипати бев тепан со стапови, ед­наш каменуван, трипати претрпев бро­долом, и ноќ и ден поминав во длабоко море; многупати сум патувал, сум бил во опасност од реки, во опасност од разбој­ници, во опасност од сонародници, во опасност од незнабошци, во опасност по градови, во опасност по пустини, во опасност по море, во опасност меѓу лажни браќа; во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, во студ и во голотија. А покрај сѐ друго, тука се уште и секојдневните напади против мене, како и грижата за сите цркви. Кој изнемоштува, без да изнемош­там и јас? Кој се соблазнува, без да се разжестам јас? Ако треба да се фалам, со слабоста своја ќе се пофалам. Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој е благословен довека, знае дека не лажам. Во Дамаск управителот на цар Аре­та го чуваше градот Дамаск со стража, сакајќи да ме фати 33 и преку прозорец по ѕидот ме спуштија во кош и избегав од неговите раце. Да се фалам, не ми е од полза, затоа ќе минам кон виденија и открове­нија Господови. Знам еден човек во Христос, кој пред четиринаесет години, во тело ли – не знам; вон тело ли – не знам, Бог знае, беше грабнат и однесен до третото не­бо. И знам дека тој човек, во тело или вон тело – не знам, Бог знае, беше грабнат и однесен во рајот и дека чул неизречливи зборови, кои чо­век не смее да ги каже. Со таков човек ќе се пофалам, а со себеси нема да се пофалам, освен со моите слабости. Зашто, дури и ако би посакал да се фалам, не би бил безумен, зашто би ја кажал вистината. Но се воздржувам, да не би некој да помисли за мене дека сум повеќе од она што го гледа во мене или го слуша од мене. И за да не се превознесувам поради премногуте откровенија, во телото ми се даде трн, сатанин ангел, да ме мачи, за да не се превознесувам. Затоа трипати Го молев Господ да го отстрани од мене. Но Тој ми рече: „Доволна ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила потполно се покажува во слабоста.“ Оттаму, од сѐ срце ќе се фалам со своите слабости, за Христовата сила да се всели во ме­не. Затоа сум радосен во слабости, во нав­редување, во маки, во прогонување, во тегоба заради Христос, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен. Фалејќи се станав безумен! Вие ме принудивте. Вие требаше да ме пофалите, зашто со ништо не сум по­до­лен од надапостолите, иако сум ништо. Зашто знаците на апостолите се извршија меѓу вас во секаква трпеливост, во знаци, чуда и силни дела. Па во што сте подолни од останатите цркви, освен по тоа што јас не ви бев товар? Простете ми за таа неправда! Еве, спремен сум да дојдам кај вас по третпат и пак нема да паднам на ваш то­вар; зашто јас не го барам вашето, туку вас. Зашто не децата се должни да печалат за родителите, туку роди­те­лите за децата. А јас од сѐ срце ќе дадам, па и себеси целосно ќе се оддадам за вашите души. Иако јас премногу ве љубам, вие многу помалку ме љубите. Но нека биде така! Јас не ви додевав; само, бидејќи итар, ве добив на из­мама. Да не сум ве искористил можеби преку оние што ги испраќав кај вас? Го замолив Тит, а со него го испратив и еден од браќата. Да не ве искористи можеби Тит во нешто? Не одевме ли во истиот дух? Не одевме ли по истите стапки? Уште ли мислите дека пред вас се оправдуваме? Ние зборуваме пред Бога, во Христос, и сето тоа, возљубени, е за ваше изградување. Бидејќи се плашам дека, кога ќе дојдам, можеби нема да ве најдам такви какви што сакам; а и дека вие нема да ме најдете таков каков што сакате; дека меѓу вас, можеби, ќе има кавги, завист, јарост, препирки, сплетки, озборувања, надмености, безредија. Се плашам, кога повторно ќе дојдам, да не ме понизи мојот Бог пред вас, и да не треба да оплакувам мнозина од оние кои претходно погре­ши­ле и не се покајале за не­чис­то­тијата, блудот и развратот што ги на­правиле. Ова е третпат како доаѓам кај вас: „Од устата на двајца или тројца сведоци ќе се потврди секој збор.“ Како што ве предупредив, кога бев по вторпат кај вас, така и сега, кога не сум меѓу вас, ги предупредувам оние кои претходно погрешија и сите останати, дека ако дојдам пак, нема да бидам попустлив; штом вие барате доказ дека во мене зборува Христос, Кој кон вас не е немоќен, туку е силен меѓу вас. Зашто, иако беше распнат во немоќ, Тој е жив преку Божјата сила. Па така ние сме слаби во Него, но ќе бидеме живи со Него, преку Божјата сила меѓу вас. Испитувајте се себеси дали сте во верата! Сами проверувајте се! Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас? Освен ако сте недостојни. А за нас, се надеваме дека ќе раз­бе­рете дека ние не сме недостојни. Му се молиме на Бога да не правите никакво зло; не за ние да се покажеме ка­ко достојни, туку за вие да го правите она што е добро, па макар ние да се покажеме како недостојни. Зашто ние сме силни не против вис­тината, туку за вистината. Се радуваме кога ние сме слаби, а вие силни. За тоа и се молиме – за вашето усовршување. Овие работи ви ги пишувам додека сум далеку од вас; па, кога ќе дојдам кај вас, да не употребам строгост според власта која ми ја даде Господ за надградување, а не за рушење. И така, браќа, радувајте се, усо­вр­шувајте се, утешувајте се, бидете едно­мислени, живејте во мир – и Бог на љу­бовта и на мирот ќе биде со вас. Поздравете се еден со друг со свет целив. Ве поздравуваат сите све­тии. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога и заедницата на Светиот Дух нека би­дат со сите вас. Амин! Павле, апостол, повикан не од луѓе, ниту преку човек, туку преку Исус Христос и Бога Отецот, Кој Го воскресна од мртвите, и сите браќа што се со мене, до црквите во Галатија: благодат и мир вам од Бога Отецот и од нашиот Господ Исус Христос, Кој се даде Себеси за нашите гревови, за да нѐ избави од сегашниот зол свет, по волјата на нашиот Бог и Отец, Кому нека е слава во вечни ве­кови. Амин! Се чудам што толку брзо се одвраќате од Оној Кој ве повика во Христовата благодат, и преминувате кон друго благовестие, зашто, всушност и нема друго благовестие, но има такви кои ве збунуваат и сакаат да го изопачат Христовото благовестие. Но дури и ако и ние или ангел од небото ви благовести спротивно на она што ви го благовестевме, нека биде проклет! Како што рековме порано, и сега повторувам: оној што ви благовести некое поинакво благовестие од она што го примивте – нека биде проклет! За луѓето ли се застапувам сега, или за Бога? Или, пак, на сите луѓе сакам да им угодувам? Зашто ако сакав да им угодувам на луѓе, немаше да бидам Христов слуга. Браќа, ви давам до знаење дека благовестието, кое јас го проповедав, не е од лу­ѓе, зашто јас ниту сум го примил, ниту сум го научил од човек, туку преку от­кровение на Исус Христос. Сте слушале и за моето некогашно поведение во јудејството – дека пре­ку­мерно ја гонев Божјата Црква и ја ра­зо­рував; и дека напредувајќи во јудејството надминав многу врсници од мојот род, бидејќи бев голем ревнител за тат­ков­ските преданија. Но, кога Бог, Кој ме избра уште од мајчина утроба и ме повика преку Сво­јата благодат, благоволи во мене да Го открие Својот Син за да Го благовестам меѓу незна­бошците, јас во тој момент не прашав ни тело ни крв, ниту, пак, се искачив во Ерусалим кај оние што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија и пак се вратив во Дамаск. А три години подоцна, отидов во Ерусалим за да се видам со Петар, и останав кај него петнаесет дена. Од апостолите, пак, не видов ни­кого освен Јаков, братот Господов. За она што ви пишувам, еве, пред Бога велам дека не лажам. Потоа дојдов во Сириските и Киликиски краеви. На Христовите цркви во Јудеја лично не им бев познат, туку само беа слушале дека оној, кој некогаш ги гонел, сега ја благовести верата што порано ја разорувал. И Го прославуваа Бога поради мене. Четиринаесет години подоцна, повторно се искачив во Ерусалим со Вар­нава, а го зедов со себе и Тит. А таму отидов според едно откровение и, за да не биде дека трчав или дека трчам напразно, им го изложив – посебно на највидните – благовестието што го проповедам кај незнабошците. Па дури ни Елинот Тит, кој беше со мене, не беше принуден да се обрезе, и покрај скришно вовлечените лажни браќа, кои се прикрадоа меѓу нас за одблизу да ја демнат нашата слобода, која ја имаме во Христос Исус, та да нѐ поробат. Ним ни за час не им дозволивме да нѐ покорат, за да остане во вас вистината на благовестието. А за оние за кои се мисли дека значат нешто – какви и да биле тие некогаш, мене ми е сеедно; Бог не го прима човекот според изгледот – бидејќи мене тие таквите ништо не ми придадоа. Туку, напротив, гледајќи дека ми е доверено благовестието за необрезаните, како на Петар – за обрезаните, бидејќи Оној што му содејствуваше на Пе­тар во вршењето на апостолската служба меѓу обрезаните, ми содејствуваше и мене за апостолска служба меѓу незнабошците, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ја препознаа благодатта што ми е дадена и ни ги подадоа мене и на Варнава рацете во знак на заедништво, та се согласија ние да одиме кај нез­на­бош­ци­те, а тие – кај обрезаните. Побараа само да ги помниме сиромасите, за што и се погрижив точно да го исполнам. А кога Петар дојде во Антиохија, јас отворено му се спротивставив, зашто беше заслужил осудување. Имено, пред да пристигнат некои откај Јаков, тој јадеше заедно со незна­бошците; а кога дојдоа, почна да се повлекува и да се двои, бидејќи се пла­ше­ше од обрезаните. Заедно со него лицемереа и останатите Јудејци, што дури и Варнава беше заведен од нивното лицеме­рие. А кога видов дека тие не постапува­ат правилно според вистината на благовестието, му реков на Петар пред сите: „Кога ти, кој си Јудеец, живееш како незна­бош­ците, а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да жи­веат како Јудејците?“ Ние по раѓање сме Јудејци, а не грешници од незнабошците. Но знаеме дека човекот не се оправдува преку делата на Законот, ту­ку само преку верата во Исус Христос. Затоа и ние поверувавме во Христос Исус, за да се оправдаме преку ве­ра­та во Христос, а не преку делата на За­конот; зашто преку делата на Законот нема никој да се оправда. Но ако, барајќи да се оправдаме во Христос, и самите се најдовме греш­ни­ци, значи ли тоа дека Христос е слуга на гре­вот? Тоа никако! Зашто, ако одново го градам она што сум го урнал, тогаш се покажувам себеси како престапник. Бидејќи јас преку Законот умрев за Законот, за да живеам за Бога. Се распнав со Христос и веќе не живеам јас, туку Христос живее во мене. А животот што сега го живеам во тело, го живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и се пре­даде Себеси за мене. Не ја отфрлам Божјата благодат; зашто ако праведноста доаѓа преку Законот, тогаш Христос залудно умре. О, неразумни галатјани! Кој ве маѓепса, та не се покорувате на вис­тината, вие, пред чии очи Исус Христос беше насликан како распнат помеѓу вас? Само ова сакам да го дознаам од вас: Духот го добивте преку делата на Законот или преку слушнатото од верата? Толку ли сте неразумни? Откако почнавте со Духот, со телесноста ли сега завршувате? Зар напразно толку многу страдавте? Да беше само напразно! Оној што ви Го дарува Духот и прави меѓу вас чуда, тоа го прави преку делата на Законот или преку слушнатото од верата? Така, Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се сметаше за праведност. Тогаш знајте дека оние што се од верата, тие се Авраамови синови. И Писмото, предвидувајќи дека Бог преку вера ги оправдува незнабошците, однапред му благовестеше на Авраам: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.“ Па така, оние што се од верата, се бла­гословени заедно со верниот Авраам; а сите оние, што се од делата на Законот, под клетва се. Зашто е на­пи­шано: „Проклет да е секој што не го живее и не го исполнува сето она што е напишано во книгата на Законот!“ А дека никој не се оправдува пред Бога преку Законот, се знае, бидејќи: „Праведниот ќе живее преку верата.“ А Законот не е од верата, туку: „Оној човек што ќе ги исполни овие работи, тој ќе биде жив преку нив.“ Христос нѐ откупи од проклетството на Законот, откако поради нас стана проклетство, зашто е напишано: „Проклет да е секој што виси на дрво!“, за благословот, даден на Ав­раам, да дојде преку Исус Христос врз незнабошците, па преку верата да Го примиме ветеното од Духот. Браќа, зборувам како човек: и утврдениот човечки завет никој веќе не го растура, ниту му додава нешто. Но ветувањата му беа дадени на Авраам и на неговиот потомок. Не е ре­че­но: „И на потомците“, како за мнозина, туку како за еден: „И на твојот потомок“, Кој е Христос. Ова сакам да го кажам: Заветот, настанат че­ти­ристотини и триесет години подоцна, не го укинува Заветот што претходно беше утврден од Бога во Христос, та ветувањето да ја изгуби силата. Зашто, ако наследството е добиено по Законот, тоа веќе не е според ветува­њето; туку Бог му го дари на Авраам по ве­тување. Тогаш, зошто е Законот? Тој е додаден поради престапите, додека не дојде потомокот на кого се однесува ветувањето, и е предаден преку ангели, пре­ку рака на посредник. Но каде што е само еден, нема посредник – а Бог е еден. Па така, Законот противен ли е на Божјите ветувања? Никако! Зашто, ако беше даден Закон што ќе можеше да животвори, тогаш навистина оправданието ќе произлегуваше од Законот. Но Писмото ги затвори сите под грев, па преку верата во Исус Христос да им се даде ветеното на оние кои веруваат. Пред да дојде верата, ние бевме под стража на Законот, заклучени за верата која требаше да се открие. И така, Законот ни стана вос­пи­тувач за Христос, за да бидеме оправдани преку верата; а откако дојде верата, ние веќе не сме под раководство на воспитувач. Зашто сите сте синови Божји преку верата во Христос Исус; сите, што се крстивте во Христос, во Христос се облековте. Нема веќе ни Јудеец, ни Елин, ни роб, ни слободен; нема ни машко, ни женско; зашто сите вие сте едно во Христос Исус. А ако сте Христови, то­гаш сте Авраамово потомство, наследници по ветувањето. Но ви велам: додека наследникот е малолетен, тој со ништо не се разликува од роб, иако е господар на сѐ; туку е под настојници и управители до рокот определен од таткото. Така и ние, додека бевме малолетни, бевме поробени од стихиите на светот; но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од же­на и Кој се роди под Законот, за да ги откупи оние што се под За­конот, та да го примиме посинувањето. А бидејќи вие сте синови, Бог во вашите срца Го ис­прати Духот на Својот Син, Кој извикува: „Ава, Оче!“ Затоа не си веќе роб, туку син; а ако си син, тогаш си и Бож­ји наследник преку Христос. Но тогаш, бидејќи не Го познававте Бога, им робувавте на оние кои по својата природа не се богови; а сега, откако Го познавте Бога, или, подобро, откако Бог ве позна вас, како сега повторно се навраќате кон слабите и бед­ни стихии, на кои сакате одново да им робувате? Внимавате на деновите, месеците, времињата и годините. Се плашам за вас, да не сум се тру­дел напразно меѓу вас. Ве молам, браќа, станете како мене, зашто и јас станав како вас. Вие со ништо не сте ме навредиле: знаете дека, кога за првпат ви благовестев, тоа бев заради телесната немоќ, но вие не го презревте искушението на моето тело, ниту се згрозивте од него, туку ме примивте како Божји ангел, како Христос Исус. Колку ли само големо беше вашето блаженство тогаш? Ви све­до­чам дека, ако беше можно, и своите очи ќе си ги извадевте и ќе ми ги дадевте. Зар ви станав непријател затоа што ви ја зборувам вистината? Нивната ревност кон вас не е за добро, туку сакаат да ве одвојат од мене, за да ревнувате за нив. Добро е секогаш да ревнувате во доброто, а не само кога сум присутен меѓу вас. Чеда мои, за кои сум пак во родилни маки, сѐ додека Христос не се вообличи во вас, би сакал сега да бидам присутен меѓу вас и да ви се обратам со поинаков тон, бидејќи сум во недоумица за вас. Кажете ми вие, кои сакате да би­дете под Законот: зарем не го слушате Законот? Зашто е напишано дека Авраам имаше два сина, еден од слугинката и еден од слободната. Но оној што беше од слугинката, се роди по тело; а оној што беше од сло­бод­ната – по ветување. А ова е речено сликовито; бидејќи двете жени се двата завета: едниот од Синај­ската Гора, која раѓа за ропство, а тоа е Агара. Зашто Агара е Синајската Гора во Арабија и соодветствува на сегаш­ниот Ерусалим, кој робува со своите чеда; а горниот Ерусалим е слободен: тој е мајка на сите нас. Зашто е напишано: „Развесели се неплодна, ти што не раѓаш; воскликни и извикај ти, која не си искусила ро­дилни маки; бидејќи напуштената има многу повеќе чеда од онаа која има маж.“ Ние, пак, браќа, сме како Исак, чеда на ветувањето. Но, како што тогаш, оној што се роди по тело, го гонеше родениот по дух, така е и сега. А што вели Писмото? „Истерај ги слугинката и нејзиниот син, зашто си­нот на слугинката нема да биде наследник заедно со синот на слободната!“ И така, браќа, ние не сме чеда на слугинката, туку на слободната. Па така, стојте цврсто во слободата, со која Христос нѐ ослободи, и не се подавајте повторно под ропски јарем! Еве, јас, Павле, ви велам: ако се обрезувате, Христос нема да ви биде од никаква полза. И повторно му сведочам на секој човек што се обрезува дека тој е должен да го извршува целиот Закон. Сите што посакавте да се оправдува­те со Законот, Го изгубивте Христос, отпаднавте од благодатта; бидејќи ние, во Духот, се надеваме и очекуваме оп­равдание од верата. Зашто во Христос Исус ниту обрезанието има сила, ниту необреза­ни­е­то, туку верата, која дејствува преку љубовта. Вие добро трчавте; кој ви попречи да ѝ се покорувате на вистината? Таквото убедување не е од Оној што ве повика. Малку квас го потквасува целото тесто. Јас сум уверен за вас во Господ дека нема да мислите инаку; а оној што ве збунува – кој и да бил – ќе претрпи осуда. Но ако јас, браќа, сѐ уште го проповедам обрезанието, тогаш зошто и понатаму ме го­нат? Во тој случај соблазната од крстот е укината. Камо да беа отсечени оние што ве збунуваат! Бидејќи вие, браќа, сте повикани кон слобода; но не слобода за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг. Зашто, целиот Закон се исполнува во еден збор: „Љуби го својот ближ­ен како себеси.“ Ако, пак, меѓу себе се гризете и јадете, пазете да не се истребите еден со друг. Ви велам: живејте по Духот, и нема да им угодувате на телесните страсти. Зашто, телото го посакува она што е противно на духот, духот, пак – противното на телото; а тие се спротивставени меѓусебно, за да не го правите она што го сакате. Ако ве води Духот, вие не сте под Законот. Делата на телото се познати. Тие се: прељуба, блуд, нечистота, разврат, идолопоклонство, магија, неприја­тел­ства, кавги, љубомора, јарост, препирки, раздори, поделби, завист, пијанство, срамни гоштевки и други слични работи; ве предупредувам, како што ве предупредив и порано, дека оние што го прават тоа, нема да го наследат цар­ството Божјо. А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост. Против такви нема закон. Оние, пак, кои се Христови, го распнаа своето тело со неговите страсти и похоти. Ако живееме според Духот, според Духот и да постапуваме. Да не бараме лажна слава, еден со друг да не се раздразнуваме, еден на друг да не си завидуваме. Браќа, дури и да падне човек во некаков грев, вие, духовните, поправајте го таквиот со духот на кротоста, пазејќи се и самите да не бидете искушани. Носете си ги тешкотиите еден на друг – така ќе го исполните Христовиот закон. Зашто ако некој мисли дека е нешто, а не е ништо, тој се мами себеси. Секој нека си ги испита своите дела и тогаш ќе има пофалба пред себеси, а не пред друг. Зашто секој ќе го понесе својот товар. А оној што го изучува словото нека сподели сѐ што е добро со оној што го поучува. Не лажете се: со Бога нема подигрува­ње. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее. Кој сее во своето тело, од телото ќе пожнее распадливост; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот. Да не малаксуваме правејќи добро, бидејќи во свое време ќе пожнееме, ако не се измориме. И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера. Гледајте со колку крупни букви ви го напишав сето ова со сопствената рака. Оние што сакаат да се фалат со те­лото, тие ве принудуваат да се обрезувате само за да не бидат гонети заради Христовиот крст. Зашто и самите тие што се обрезуваат, не го запазуваат Законот, а сакаат вие да се обрезувате, за да се пофалат со вашето тело; а мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку кого светот за мене е распнат, а и јас за светот. Зашто во Христос Исус ниту обре­занието има некаква сила, ниту не­об­резанието, туку новото создание. На оние што постапуваат по тоа правило, мир и милост, ним и на Божјиот Израил! Отсега натаму никој да не ми досадува ве­ќе, зашто јас ги носам белезите на Господ Исус врз своето тело. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вашиот дух, бра­ќа. Амин! Павле, по Божја волја апостол на Исус Христос, до светиите и верните во Христос Исус што се во Ефес: благодат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и од Господ Исус Христос! Нека е благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој во Христос нѐ благослови со секаков духовен благос­лов од небесата, така што нѐ избра преку Него, уш­те пред создавањето на светот, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта. Тој нѐ предопредели за посинување за Себе преку Исус Христос, според благонаклонетоста на Својата волја, за пофалба на славата на Него­вата благодат, со која нѐ облагодати преку Својот Возљубен Син, во Кого имаме откуп преку Негова­та крв, простување на гревовите според бо­гатството на Неговата благодат, што изобилно ја излеа врз нас во сета мудрост и разум, откривајќи ни ја тајната на Своја­та волја, според Својата благонаклонетост што ја беше положил во Него од порано, за да ја оствари при исполнувањето на времињата, да возглави сѐ во Христос, и она што е на небесата, и она што е на земјата. Преку Него бевме избрани за наследници, предопределени спо­ред намислата на Оној што врши сѐ спо­ред Својата волја, за да бидеме за пофалба на Неговата слава ние, кои од порано се надевавме на Христос. Во Него и вие, откако го слушнавте словото на вистината – благовестието за вашето спасение, и откако поверувавте во Него, бевте запечатени со ветениот Свет Дух, Кој е залог на нашето наследство, за откупување на она што го стекна, за пофалба на Неговата слава. Затоа и јас, кога слушнав за ва­шата вера во Господ Исус и за вашата љубов кон сите светии, не престанувам да благодарам за вас, спомнувајќи ве во моите молитви, та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение за да Го познаете, и да ги просветли очите на вашите срца, за самите да увидите каква е на­дежта од Неговиот повик, какво е богатството на славата на Неговото наследството во светиите, и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме пре­ку моќното дејствување на Неговата сила, коешто Тој го пројави во Христос, кога Го воскресна од мртвите и Го пос­тави од Својата десна страна на небесата, повисоко од секое началство, власт, сила и господство и од секое име со кое се именуваат не само во овој свет, туку и во идниот, и сѐ Му покори под Неговите нозе и Го постави за глава над сѐ во Црквата, која е Негово тело, полнота на Оној што исполнува сѐ во сѐ. И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови, во кои некогаш живеевте според духот на времето на овој свет, според кнезот на воздушната власт, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на непокорот, меѓу кои и ние сите некогаш се водевме според желбите на нашето тело, из­вр­шу­вајќи ги желбите на телото и на по­мис­лите, и по природа бевме, како и дру­ги­те, чеда на гневот. Но Бог, Кој е богат со милост, поради Својата голема љубов, со која нѐ возљуби, иако бевме мртви поради нашите прегрешенија, нѐ оживеа во Христос – по благодат сте спасени – нѐ воскресна со Него и нѐ постави со Него на небесата, во Христос Исус, за во идните векови да го покаже преизобилното богатство на Својата благодат, преку добрината кон нас во Христос Исус. Зашто по благодат сте спасени пре­ку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји е! Не е од дела, за да не се пофали не­кој. Бидејќи сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела, што Бог однапред ги подготви, за да живееме во нив. Затоа помнете дека вие, некогашните незнабошци по тело – наречени не­обрезани од оние што себеси се нарекуваат обрезани – со обрезание извршено на телото со рака, – во она време бевте без Хрис­тос, отстранети од Израилевото општество, туѓи на заветите на ветувањето, без никаква надеж и безбожни во светот; но сега, во Христос Исус, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку Христовата крв. Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двата народа направи еден и ја разруши преградата што беше меѓу нив. Тој со Своето тело го уништи непријателството, а законот на запо­ве­дите и одредбите го обессили, за да создаде во Себе од двата народа еден нов човек, воспоставувајќи мир, та во едно тело да ги помири обата со Бога преку крстот, откако на него го уништи непријателството. Тој дојде да ви благовести мир на сите вас, и далечни и блиски, зашто преку Него и едните и дру­ги­те имаме пристап кај Отецот, во едниот Дух. И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјото семејство, зашто се утврдивте на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како аголен камен Самиот Исус Христос, врз Кого целата градба, складно составена, прераснува во свет храм во Господа; во Кого и вие, изградувајќи се, станувате живеалиште на Бога во Духот. Затоа јас, Павле, сум затвореник на Христос Исус заради вас, незнабошците. Бидејќи чувте за распределбата на Божјата благодат, која ми е дадена заради вас, односно дека преку откровение ми е соопштена тајната, како што претходно накратко ви напишав. Читајќи го тоа, можете да разберете како сум ја сфатил тајната на Христос, која, на луѓето од претходните поколенија не им беше објавена, како што сега им се откри на Неговите свети апостоли и пророци преку Духот, односно дека незнабошците се сонас­ледници, делови на едно тело, и соучес­ници на Неговото ветување во Христос преку благовестието, на кое му станав служител според дарот на Божјата благодат, која ми е дадена по дејство на Неговата сила. Мене, најмалиот од сите светии, ми се даде благодатта да им го благовестам на незнабошците неистражливото Христово богатство, и на сите да им расветлам во што се состои распределбата на тајната, криена од вечноста во Бога, Кој создаде сѐ преку Исус Христос, та разнообразната Божја мудрост сега, преку Црквата, да им се објави на небесните на­чалства и власти, според предвечната замисла, која Тој ја изврши во Христос Исус, нашиот Гос­под, во Кого имаме слобода и пристап, уверени преку верата во Него. Поради тоа, ве замолувам, да не паѓате со духот пред моите маки што ги поднесувам заради вас, зашто тие се за ваша слава. Затоа ги преклонувам своите колена пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос, од Кого се именува секој род на небесата и на земјата, да ви даде, според богатството на Својата слава, сила за да се утврдите пре­ку Неговиот Дух во внатрешниот чо­век, и преку верата Христос да се всели во вашите срца, та вкоренети и утврдени во љубовта да можете да разбирате, заедно со сите светии, што е ширина и должина, што е дла­бо­чина и височина, и да ја осознаете Христовата љубов, која го надминува секое знаење, за да се исполните со сета Божја полнота. А на Оној што според силата што дејствува во нас, може да изврши неспоредливо повеќе од сѐ што ќе побараме или помислиме, Нему нека Му е слава во Црквата и во Христос Исус во сите поколенија и за вечни векови. Амин! Затоа јас, затвореникот во Господа, ве молам да се однесувате достојно на позивот за кој сте повикани, со секакво смиреномудрие и кроткост, со долготрпеливост, поднесувајќи сѐ меѓусебно во љубов, трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот. Едно тело и еден Дух, како што сте и повикани кон едната надеж на ва­шиот позив. Еден Господ, една вера, едно крш­тение, еден Бог и Отец на сите, Кој е над сите, преку сите и во сите нас. А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов. Затоа е и речено: „Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето.“ А што значи „се издигна“, ако не тоа дека Тој претходно слезе во најдолните места на земјата. Оној Кој слезе е истиот Кој и се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни сѐ. И Тој постави едни за апостоли, други за пророци, некои за благовестители, а некои за пастири и учители, за усовршување на светиите во де­лото на служењето, за изградување на Христовото тело, додека сите не достигнеме до единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мерата на потполната Христова возраст, та да не бидеме веќе мали деца што ги колеба и понесува секој ветар на лукавите човекови учења, измислувани од итреците за да водат кон заблуда. Туку живеејќи вистинито во љубовта, на секаков начин да растеме во Оној што е главата – Христос – од Кого целото тело, составено и сврзано со сите зглобови што го одржуваат преку дејствувањето на секој дел според неговите сили, прави телото да расте, за самото да се изгради во љубов. Ова го зборувам и сведочам во Господа: да не живеете веќе како што живеат незнабошците, по суетата на својот ум; помрачени во разумот, отуѓени од Божјиот живот поради незна­ењето што е во нив и поради закоравеноста на нивното срце. Станувајќи бесчувствителни, се пре­да­доа себеси на разврат и ненаситно вршат се­каква нечистота. Но вие не Го познавте така Хрис­тос, ако навистина сте чуле за Него и во Него сте биле поучувани – зашто вистината е во Исус, тогаш отфрлете го од себе стариот човек според кого претходно жи­ве­евте, кој се распаѓа во измамливите желби, за да се обновите во духот на својот ум и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во праведноста и светоста на вистината. Затоа, отфрлајќи ја лагата, кажувајте ја вистината секој на својот ближен, бидејќи сме делови еден на друг. Гневете се, но не грешете; сонцето да не зајде пред вашиот гнев; и не давајте му место на ѓаволот. Кој крадел, нека не краде веќе, туку нека се труди со своите сопствени раце да го прави она што е добро, за да има што да му даде на оној што има потреба. Никаков гнасен збор да не излегува од вашата уста, туку само добар, за надградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат. И не ожалостувајте Го Светиот Божји Дух со Кого сте запечатени за денот на откупувањето. Отстранете ја подалеку од вас секоја огорченост, јарост, гнев, викање и хула заедно со секоја друга злоба. Бидете добри и милосрдни еден кон друг, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христос. И така, подражавајте Го Бога, како возљубени чеда, и живејте во љубов, како што и Христос нѐ возљуби и се предаде Себеси за нас како принос и жртва на Бога за благопријатен мирис. А блуд и секаква нечистота или, пак, алчност, воопшто да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии, ниту, пак, гнасотија ни будалесто збо­рување, или шегување, кои се непристојни, туку само благодарност. Зашто ова треба да го знаете: ниеден блудник, или нечист, или ненаситник – кој е идолопоклоник, нема наследство во царството на Христос и на Бога. Никој да не се мами со празни збо­ро­ви; зашто поради нив доаѓа Бож­јиот гнев врз синовите на непокорноста; затоа, не станувајте нивни соучесници. Зашто вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господ; живејте како чеда на светлината! Бидејќи плодот на Духот се состои во сѐ што е добро, праведно и вистинито – испитувајте што Му е благоугодно на Господа, и не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку разобличувајте ги! Зашто за она што го прават скри­шум, срамно е и да се зборува. А сѐ што е разобличено, светлината го прави јавно; бидејќи сѐ што е јавно, светлина е. Затоа е речено: „Стани ти што спи­еш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!“ Па така, добро внимавајте како жи­веете! Не како безумни, туку како муд­ри, ползувајќи го времето, зашто деновите се зли. Затоа не бидете неразумни, туку распознајте што е волјата Гоподова! И не опивајте се со вино, во него има разврат, туку исполнувајте се со Духот, разговарајќи меѓу себе со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господ во вашите срца, благодарејќи Му секогаш за сѐ на Бога и Отецот, во името на нашиот Гос­под Исус Христос. Покорувајќи се еден на друг во стра­во­почит Христова. Вие, жените, покорувајте им се на своите мажи, како на Господ, зашто мажот е глава на жената, како што и Христос е глава на Црквата, и Тој е Спасител на телото. Па, како што Црквата Му се покорува на Христос, така и жените во сѐ да им се покоруваат на своите мажи. Вие, мажите, љубете ги своите жени, како што и Христос ја возљуби Црк­вата и се предаде Себеси за неа, за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото; та да ја претстави пред Себе Црквата во сета слава, која нема дамка или брчка, или нешто слично, туку да биде света и непорочна. И така, мажите се должни да ги љубат своите жени како што ги љубат своите тела. Оној што си ја љуби жената, тој се љуби и себеси. Зашто никој никогаш не го намра­зил своето тело, туку го храни и го негува, како и Господ Црквата, бидејќи ние сме делови на Неговото тело, од Неговото месо и од Неговите коски. „Затоа, човек ќе ги остави својот татко и својата мајка, и ќе се присоедини кон својата жена, та обајцата ќе бидат едно тело.“ Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христос и за Црквата. И така, секој од вас да си ја љуби својата жена, како се­беси, а жената да го почитува својот маж. Вие, децата, бидете им послушни на своите родители во Гос­пода, зашто тоа е праведно. „Почитувај ги својот татко и својата мајка!“ – тоа е првата заповед со ветува­ње – „за да ти биде добро, и да живееш долго на земјата.“ И вие, татковците, не дразнете ги своите де­ца, туку подигнувајте ги во воспитанието и науката на Господ. Вие, слугите, бидете им послушни на своите телесни господари со страв и тре­пет, во простота на срцето, како на Христос, не работете само за пред очи, како човекоугодници, туку како Христови слуги, кои ја извршуваат волјата Божја од сета своја душа, служејќи со добра волја, како да Му служите на Господ, а не на луѓе, знаејќи дека секој, па било тоа роб или слободен, ќе добие од Господ спо­ред доброто, што го направил. А и вие, господари, така од­несувајте се кон нив и бидете умерени во строгоста, знаејќи дека и над вас самите има Господар на небесата, во Кого нема пристрасност! Па така, браќа, зајакнувајте се во Господа и во моќта на Неговата сила! Облечете се целосно со оружјето и оклопот Божји за да можете да им одолеете на ѓаволските итроштини; зашто нашата борба не е против крв и месо, туку против началствата, против властите, против световните упра­вители на темнината од овој свет, против небесните духови на злобата. Затоа земете го оружјето и оклопот Божји, за да можете да се спротивставите во денот на злото, та, откако ќе завршите сѐ, да опстоите. И така стојте цврсто, препашани со вистината и облечени во окло­пот на праведноста; и нозете да ви бидат обуени во подготвеност за благовестието на мирот. А над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите вжештени стрели на лукавиот; земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо! Со секаква молитва и молба во се­кое време молете се во Духот, и во такво расположение, бидете будни со целосна истрај­ност и молитва за сите светии и за мене, та кога ќе ја отворам ус­тата да ми се даде слово за слободно да ја со­општувам тајната на благовестието, заради кое сум пратеник во окови, за да го проповедам смело, како што ми прилега. А за да знаете и вие како сум и што работам, за сѐ ќе ве извести Тихик, воз­љубениот брат и верен служител во Господ, кого токму заради тоа го пратив кај вас, за да дозна­ете како сме и да ви ги утеши срцата. Мир на браќата и љубов со вера од Бога Отецот и од Господ Исус Христос. Благодатта нека биде со сите што Го љубат на­шиот Господ Исус Христос со нераспадлива љубов. Амин! Павле и Тимотеј, слуги на Исус Христос, до сите светии во Христос Исус, што се во Филипи, заедно со епископите и ѓаконите: благодат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и од Господ Исус Христос! Му благодарам на мојот Бог при секое спомнување на вас, – а постојано, во секоја моја молитва, се молам со радост за вас – поради вашето учество во благовестието од првиот ден, па сѐ досега. Уверен сум токму во тоа дека Оној што го за­почна доброто дело во вас, ќе го доврши до денот на Исус Христос. И право е да го мислам тоа за сите вас, зашто секогаш ве имам во срцето – и кога сум во окови, и кога го бранам и утврдувам благовестието, бидејќи сите вие сте мои соучесници во благодатта. Зашто Бог ми е сведок колку многу копне­ам по сите вас со милосрдноста на Исус Христос. И за ова се молам: вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува во познание­то и во секакво расудување, за да можете да го распознавате нај­доброто, та да бидете чисти и беспре­кор­ни во денот Христов, исполнети со плодовите на праведноста преку Исус Христос, за слава и по­фалба на Бога. Браќа, сакам да знаете дека сето она што ми се случи, всушност придонесе за поголем успех на благовестието, така што целата преторија и сите останати дознаа за моите окови за Христос; па повеќето од браќата во Гос­пода, поттикнувајќи се од моите окови, уште повеќе се охрабрија да го говорат словото Божјо без страв. Навистина, некои Го проповедаат Христос од завист и жел­ба за препирање, а некои од добра волја; едните Го проповедаат Христос од желба да се препираат, неискрено, сметајќи дека ја наголемуваат тежината на моите окови. А другите, пак, проповедаат од љу­бов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам благовестието. Но, што тогаш? Како и да е, било дволично или искрено, Христос се про­поведа; затоа се радувам и ќе се радувам. Зашто знам дека тоа ќе ми послужи за спасение по вашата молитва и преку дејството на Духот на Исус Христос, како што очекувам со нетрпение и се надевам дека во ништо нема да се посрамам, но со сета моја смелост, ка­ко секогаш, така и сега, ќе се возвеличи Христос во моето тело – било преку живот, било преку смрт. Зашто за мене животот е Христос, а смртта – придобивка. Но, ако живеам во телото, тогаш моето дело ќе даде плод, па така, не знам што да одберам. Измачуван сум и од едното и од другото, сакам да заминам и да бидам со Христос, бидејќи тоа е многу по­добро; но да останам во телото е по­неопходно за вас. Па уверен во ова, знам дека ќе ос­та­нам и ќе бидам со сите вас за ваш напредок и радост во верата, та кога повторно ќе дојдам кај вас, преку мене да се умножува вашата пофалба во Христос Исус. Само, живејте достојно на Хрис­то­во­то благовестие, та било да дојдам и да ве видам, било да сум отсутен, да слушнам де­ка стоите цврсто во еден дух, борејќи се едно­душно за верата на благовестието, во ништо не плашејќи се од противниците. Ним, тоа им е знак за погибел, а вам за спасение, и тоа од Бо­га. Бидејќи, заради Христос, ви се даде дар не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него, имајќи ја истата борба, којашто ја видовте во мене, и која и сега слушате дека е во мене. И така, ако во Христос има нека­ква утеха, ако има некакво охрабрување од љубовта, ако има некаква заедница на Духот, ако има некое милосрдие и сочувство, направете ми ја радоста потполна со тоа што исто ќе размислувате, имајќи иста љубов, еднодушни и ед­но­мислени; не правете ништо за лична корист или за празна слава, туку секој со смиреномудрие нека го смета другиот за подобар од себе! Не грижете се само за своето, ту­ку и за другите! Затоа вашето размислување нека биде како она на Христос Исус, Кој, иако беше во образ Божји, не сме­таше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога; туку се понизи Себеси, земајќи образ на слуга и се изедначи со луѓето; и по из­глед се покажа како човек, Самиот се понизи, и беше послушен сѐ до самата смрт, смрт на крст. Па затоа и Бог Го превозвиши и Му даде име што е над секое име, та во името на Исус да се поклони секое колено на сѐ што е небесно, земно и подземно, и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот. Затоа, возљубени мои, како што се­когаш бевте послушни, не само во мое при­суство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го своето спасение, зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Не­го­вата добра волја. Сѐ правете без мрморење и дво­уме­ње, за да бидете беспрекорни и чисти, не­по­роч­ни Божји чеда сред изопачено и развратно поколение, во кое светите како светила во светот, цврсто држејќи се за словото на животот, за да имам со што да се пофалам во денот Христов, дека не трчав напразно и не се трудев на­празно. Но, дури и ако се принесувам како полевање врз жртвата и службата на вашата вера, се ра­дувам сам и се радувам со сите вас. Радувајте се и вие, зарадувајте се со мене! Се надевам во Господ Исус дека наскоро ќе ви го пратам Тимотеј, та и јас, откако ќе разберам како сте, да се утешам. Зашто немам ниту еден исто­мисленик, кој толку искрено би се гри­жел за вас. Зашто сите си го бараат своето, а не она на Исус Христос. Но неговата опитност ви е позната; тој, како син кон татко, заедно со мене слугуваше при благовестењето. Значи, се надевам дека него ќе го ис­пратам веднаш, штом ќе дознаам што ќе стане со мене; но во Господа сум уверен дека и сам наскоро ќе дојдам кај вас. Сметав дека е неопходно да го испратам кај вас Епафродит, мојот брат, сотрудник и соборец, а вашиот пратеник и служителот на моите потреби, бидејќи тој копнееше за си­те вас и беше нажален што сте чуле де­ка бил болен. Зашто тој боледуваше речиси до умирање; но Бог го помилува, и не само не­го, туку и мене, за да не ми се натовари една жалост врз друга. Поради тоа го испратив што поскоро, та, штом ќе го видите повторно, да се израдувате, а јас да бидам помалку нажален. Затоа, примете го во Господа со се­каква радост, и за таквите имајте почит, бидејќи за Христовото дело тој бе­ше близу до смрт, не жалејќи го својот живот за да го надополни служењето што ми недостига од вас. И така, браќа мои, радувајте се во Гос­пода! Мене не ми е мачно да ви пишувам исти нешта, а вам тоа ви е за утврдување. Чувајте се од кучињата, чувајте се од лошите работници, чувајте се од лажно обрезание, зашто вистинското обрезание сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се фалиме со Христос Исус, и не се надеваме на телото, иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли дека може да се надева на телото, уш­те повеќе можам јас, кој сум обрезан во осмиот ден, од Израилевиот род, од Венијаминовото ко­ле­но, Евреин од Евреите, по Законот фа­рисеј, по ревност – гонител на Црк­вата, според правдата на Законот – бес­прекорен. Но тоа што за мене беше придобивка, заради Христос го сметав за загуба. Та дури и сметам дека сѐ друго е загуба спрема возвишеноста на познанието на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого изгубив сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да Го придобијам Хрис­тос, и да се најдам во Него, не со својата праведност која доаѓа од Законот, туку со онаа која доаѓа преку верата во Христос, односно со праведноста од Бога, која доаѓа преку верата; за да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, сообразувајќи се со Неговата смрт, та некако да го достигнам воскресението на мртвите. Не дека веќе сум го достигнал тоа, или веќе сум се усовршил, туку се стремам да го дос­егнам, како што и самиот бев досегнат од Христос. Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене, трчам кон целта – по наградата на Божјиот призив одозгора во Христос Исус. Сите, ние, пак, кои сме совршени, да го мислиме ова; а Бог и вам ќе ви го открие истото, дури и ако мислите нешто друго. Впрочем, да живееме според она кое го достигнавме и така да мислиме. Подражавајте ме мене, браќа, и внимателно гледајте на оние што постапуваат на истиот начин, имајќи нѐ нас како образец. Зашто мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи говорам, постапуваат како непријатели на Христовиот крст; нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат само за земното. А нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спа­си­те­лот, Господ Исус Христос. Тој ќе го преобрази нашето по­ни­же­но тело, за тоа да стане подобно на Неговото славно тело, со силата преку која Тој може да потчини сѐ под Себе. Затоа, возљубени и многу посакувани мои браќа, кои сте моја радост и венец: стојте цврсто во Господа, возљубени! Ја замолувам Еводија, ја замолувам и Син­ти­хија да бидат едномислени во Господа; а те молам и тебе, мој искрен сотруднику, помагај им на оние што се трудеа за благовестието заедно со мене и со Климент и со останатите мои сотрудници, чии имиња се во книгата на животот. Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се! Вашата кротост нека им биде позната на сите луѓе! Господ е близу! Не грижете се за ништо, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изнесувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Христос Исус. Понатаму, браќа, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете! Она што го научивте, примивте, чувте и видовте во мене, тоа правете го, – и Бог на мирот ќе биде со вас! Многу се зарадував во Господа, зашто најпосле одново процвета вашата грижа за мене – не дека не се грижевте за мене, но немавте згодна пригода. Ова не го велам бидејќи нешто ми недостига, зашто се научив да бидам задово­лен во она во што сум. Знам да живеам и во скудност, знам да живеам и во изобилство; научен сум на сѐ и сешто, и сит да бидам, и да гладувам, и во изобилие да сум и во немаштија. Сѐ можам преку Христос, Кој ме крепи. Но, добро направивте што зедовте учество во мојата мака. А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на благовестието, кога отпатував од Македонија, ниту една црква не ми се придружи во однос на давањето и примањето, освен вие; зашто и во Солун, еднаш, и по вторпат ми го пративте она што ми беше неопходно. Ова не го велам затоа што сакам да ми давате, туку го барам плодот кој се ум­ножува во ваша полза. Добив сѐ и имам во изобилие; се преполнив со добра откако од Епафродит го примив дарот што сте ми го испратиле, кој е благопријатен мирис, жртва пријатна, благоугодна на Бог. Мојот Бог, по Своето богатство, ќе ја исполни секоја ваша потреба, за слава преку Христос Исус. А на нашиот Бог и Отец, слава во вечни векови. Амин! Поздравете го секого од светиите во Христос Исус! Ве поздравуваат браќата што се со мене. Ве поздравуваат сите светии, а осо­бено оние од цезаревиот дом. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин! Павле, по Божја волја апостол на Исус Христос, и братот Тимотеј, до светите и верни браќа во Христос што се во Колоси: благодат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и од Гос­под Исус Христос! Му благодариме на Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, секогаш кога се молиме за вас, бидејќи слушнавме за вашата вера во Христос Исус и за вашата љубов кон сите светии, поради надежта која се чува за вас на небесата, за која порано сте слуш­на­ле во вистинитото слово на благовестието, кое дојде до вас, како и во целиот свет, и плодоносно расте, како и меѓу вас од денот кога ја чувте и познавте Божјата благодат во вистината; како што и научивте од Епафрас, нашиот возљубен соработник, кој е верен Христов служител заради вас, и кој нѐ извести за вашата љубов во Духот. Затоа и ние, од денот кога го чув­ме тоа, непрестајно се молиме за вас и сакаме да се исполните со познание на Него­ва­та волја во секоја мудрост и духовно разбирање, та да постапувате достојно за Бога и да Му бидете угодни во сѐ, за да бидете плодоносни во секое добро дело и да растете во познанието на Бога, укрепувани со секаква сила пре­ку моќта на Неговата слава, со секаква истрајност и долготрпение, со радост благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нѐ направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината, нѐ избави од власта на темнината и нѐ воведе во царството на Својот воз­љу­бен Син, во Кого имаме откуп и простување на гревовите. Тој е образ на невидливиот Бог, првороден, пред секое создание; бидејќи преку Него е создадено сѐ што е на небесата и на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сѐ е создадено преку Него и за Него. Тој е пред сѐ, и сѐ се одржува во Него. Тој е глава на телото, односно на Црквата. Тој е почеток, првороден од мртвите, за Самиот да првенствува во сѐ. Бидејќи Отецот благоволи во Него да ја насели сета полнота, и преку Него да помири сѐ со Себе, и земно и небесно, творејќи мир преку Неговата крв на крстот. И вас, кои некогаш бевте отуѓени и непријатели, со мисла за лоши дела, сега преку Неговата смрт ве помири во телото на Не­го­вото тело, за да ве претстави пред Себе свети, непо­роч­ни и без вина, ако останете утврдени и непоколебливи во верата, и ако не се отргнете од надежта на благовестието што го чув­те, кое е проповедано на секое подне­бесно создание, и на кое јас, Павле, му станав служител. Сега се радувам во своите страдања за вас и го пополнувам не­достигот од Христовите маки во моето тело заради Неговото тело, кое е Црквата. Нејзе јас ѝ станав служител според Божјото устројство што ми е дадено за вас, за да го исполнам словото Божјо, тајната која е скриена од вековите и поколенијата, а сега објавена на Неговите светии, на кои Бог посака да им покаже какво е богатството на славата во таа тајна за незнабошците, односно дека Христос, надежта на славата, е во вас. Него ние го проповедаме, вразумувајќи ги сите луѓе и учејќи ги со сета мудрост, за секој човек да го претставиме совршен во Христос Исус; затоа се трудам и се борам, потпирајќи се на Неговата сила, која со голема моќ дејствува во мене. Сакам да знаете во каква голема борба сум за вас, за оние што се во Лаодикија, но и за сите кои не ме видоа лично. Тоа го правам за да им се утешат срцата, та соединети во љубов за секое богатство, со потполно разбирање, да ја познаат тајната на Бога и Отецот и на Христос, во Кого се скриени сите ризници на мудроста и знаењето. Ова ви го велам за да не ве измами некој со заводливи зборови; зашто, иако сум отсутен со телото, со духот сум со вас, и се радувам гледајќи го вашиот ред и цврстината на вашата вера во Христос. И така, како што Го примивте Христос Исус, Господ, така и живејте во Него, вкоренети и утврдени во Него и укрепени во верата, како што сте нау­чени, изобилувајќи во неа со благодар­ност. Пазете некој од вас да не биде заробен од филозофијата и од празната измама според човечкото предание, според сти­хи­ите на светот, а не според Христос; зашто во Него телесно живее сета полнота на Божеството, и вие сте исполнети во Него, Кој е глава на секое началство и власт; во Него сте и обрезани преку нера­котворено обрезание, откако преку Христовото обрезание го соб­ле­ковте гревовното тело; откако се погребавте со Него во крштевањето, во кое заедно со Него и воскреснавте преку вера во силата на Бога, Кој Го воскресна од мртвите. И вас, кои бевте мртви поради прегрешенијата и поради необрезанието на вашето тело, Тој ве оживеа заедно со Него, простувајќи ви ги сите прегрешенија, поништувајќи го ракописаниот закон, кој со своите прописи беше против нас, а кого Тој го оттргна отсреде нас, приковувајќи го на крстот; и, откако ја зграби силата од начал­ствата и властите, Тој јавно ги посрамоти, славејќи ја во Себе победата над нив. Па така, никој нека не ве осудува за јадење или пиење, или за некаков празник, или за млада месечина или саботи; тоа е само сенка на она што доаѓа, а стварноста е Христос. Никој своеволно да не ве мами со смиреномудрост и служење на ангели­те. Таквиот се впушта во она што не го видел, напразно гордеејќи се со својот телесен ум, а не се држи цврсто за Главата, од Која целото тело, одржано и сврзано преку зглобови и врски, расте со растење дадено од Бога. Ако со Христос умревте за стихиите на светот, тогаш зошто, како да живеете во светот, се потчинувате на одредбите: „Не фаќај, не вкусувај, не допирај“? Сето тоа се рас­па­ѓа­ при употреба – согласно со човеч­ки­те заповеди и учења. Тоа само наликува на мудрост во своеволното богослужење, во лажното смиреномудрие и во нештедењето на телото, но нема никаква вредност и само го задоволува телото. И така, ако сте воскреснале заедно со Христос, барајте го она што е го­ре, каде што Христос седи оддесно на Бога; мислете за горното, а не за земното. Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христос во Бога. А кога ќе се појави Христос, нашиот живот, тогаш и вие ќе се појавите со Него во слава. Затоа, умртвете ги вашите членови од телото за земната природа во вас: блудот, нечистотијата, страста, лошата желба и алчноста, која е идолопоклонство! Поради нив доаѓа Божјиот гнев врз синовите на непослушноста, а меѓу нив некогаш се движевте и вие, кога живеевте во тие пороци. А сега и вие отфрлете го од себе сето ова: гневот, јароста, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста! Не лажете се еден со друг, зашто го соблековте стариот човек заедно со неговите дела, и се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател. Тука нема веќе ни Елин, ни Јудеец, ни обрезан, ни необрезан, ни варварин, ни Скит, ни роб, ни слободен, туку сѐ и во сѐ е Христос. И така, како све­ти и возљубени Божји избраници, облечете се во мило­с­рд­ност, доброта, смиреномудрие, кротост и долготрпеливост, трпејќи се еден со друг и простувај­ќи си, ако некој има поплака на некого; како што Христос ви прости, така простувајте и вие! А над сето тоа облечете се во љубовта, која е врска на совршенството, и во вашите срца нека завладее мирот Божји, кон кого и сте повикани во едно тело; и бидете благодарни! Христовото слово изобилно нека се всели во вас, во секоја мудрост; учејќи се и советувајќи се меѓусебно со псалми и химни, и со духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодат во вашите срца! И сѐ што правите со збор или со де­ло – сѐ нека биде во името на Господ Исус, благодарејќи Му преку Него на Бога и Отецот! Вие, жените, покорувајте им се на своите мажи, како што прилега во Господа! Вие, мажите, љубете си ги жените и не огорчувајте се на нив! Вие, децата, бидете им послушни на вашите родители во сѐ, зашто тоа Му е бла­го­угодно на Господ! Вие, татковците, не раздразнувајте ги своите деца, за да не паѓаат со духот! Вие, слугите, во сѐ бидете им пос­луш­ни на своите земни господари, не само пред очи како оние што сакаат да се умилкуваат на луѓето, туку во едноставност на срцето, со страв Божји! И сѐ што правите, правете го од ду­ша, како за Господа, а не за луѓе, знаејќи дека од Господа како награда ќе добиете наследство, бидејќи на Господ Христос Му служите. А кој причинува неправда, ќе добие според својата неправда; и нема да има пристрасност! Вие, господарите, бидете справедливи спрема своите слуги и давајте им го она што е правично, зашто знаете дека и вие имате Господар на небесата! Бидете истрајни во молитвата, бдејте во неа со благодарност! Молете се, исто така, и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на проповедта, за да ја разгласуваме Христовата тајна, поради која сум и во окови, та да ја објавам, онака како што ми доликува да говорам! Постапувајте мудро кон надворешните, ползувајќи го времето! Зборот секогаш да ви биде благодатен, осолен, за да знаете како треба секому да му одговарате! Сите вести за мене ќе ви ги со­општи Тихик, љубениот брат и верен служител и соработник во Господ, кого токму заради тоа го пратив кај вас, за да дознае како сте и да ви ги утеши срцата. Со него го пратив и верниот и возљубениот брат Онисим, кој е еден од вас; тие ќе ве запознаат со сѐ што се случува овде. Ве поздравува Аристарх, кој е зат­ворен со мене, и Марко, внукот на Вар­нава – за кого добивте заповед: ако дојде кај вас, примете го. Ве поздравува и Исус, наречен Јуст; од обрезаните единствено тие ми беа сотрудници за царството Божјо, и ми станаа утеха. Ве поздравува Епафрас, слуга на Христос, кој е еден од вас, кој секогаш во молитвите се бори за вас, за да стоите совршени и исполнети со сета Божја волја. Сведочам за него, дека има голема ревност за вас и за оние во Лаодикија и Јерапол. Ве поздравува возљубениот лекар Лука, како и Димас. Поздравете ги браќата во Лаоди­ки­ја, и Нимфан и неговата домашна црк­ва! Па откако ова послание ќе биде про­чи­тано кај вас, потрудете се да биде про­читано и во лаодикиската црква, а она од Лаодикија да го прочитате и вие. Речете му на Архип: „Внимавај на службата, што си ја примил во Господа, за да ја исполниш!“ Своерачен поздрав од мене, Павле. Спомнувајте си за моите окови! Благодатта нека биде со вас. Амин! Павле, Силуан и Тимотеј – до црквата на Солуњаните, која е во Бога Оте­цот и во Господ Исус Христос: бла­годат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и од Господ Исус Христос! Секогаш Му благодариме на Бога за сите вас, сеќавајќи се на вас во нашите молитви, и непрестајно пред нашиот Бог и Отец го споменуваме делото на вашата ве­ра, трудот на вашата љубов и истрајноста на вашата надеж во нашиот Господ Исус Христос. Знаеме, возљубени од Бога браќа, дека сте од Него избрани, бидејќи нашето благовестие кон вас не беше само со слово, туку и во сила и во Светиот Дух, и со потполна увереност: са­ми знаете какви бевме меѓу вас, заради вас. И вие станавте подражатели на нас и на Гос­под, кога во големи маки го примивте словото со радоста од Светиот Дух, па така станавте пример за сите верници во Македонија и Ахаја. Зашто Гос­по­довото слово од вас одекна не само во Македонија и Ахаја, ту­ку и насекаде се пренесе славата за вашата вера во Бога, така што нема потреба ние да зборуваме. Впрочем, верниците сами разгласуваат за нас, за нашето доаѓање кај вас, и како од идолите се обративте кон Бога за да Му служите на живиот и вистин­ски Бог, и да Го очекувате од небесата Него­виот Син, Исус, Кого Тој Го воскресна од мртвите и Кој нѐ избавува од гне­вот што доаѓа. Зашто и самите знаете, браќа, дека нашето доаѓање кај вас не беше залудно; напротив, откако пострадавме и бев­ме навредувани во Филипи, како што зна­ете, ние се охрабривме во нашиот Бог да ви Го проповедаме Божјото благовестие со тешка борба. Зашто нашиот поттик не произлегува од заблуда, ниту од нечисти побуди, ниту од лукавство, туку, како што Бог нѐ испита и ни Го довери благовестието, така и зборува­ме – не за да им угодуваме на луѓето, ту­ку на Бога, Кој ги испитува на­шите срца. Зашто, како што знаете, никогаш не сме се послужиле со ласкави зборови; ниту со прикриена алчност; Бог е сведок! И не баравме слава од луѓе – ниту од вас, ниту од други, иако, ка­ко Христови апостоли, можевме и да се наметнеме. Но ние меѓу вас бевме така нежни, како што мајката доилка ги негува своите деца. И така, силно копнеејќи за вас, посакавме да ви го предадеме не само Божјото благовестие, туку и своите души, зашто ни станавте мили. Спомнете си браќа за нашиот труд и мака, зашто работејќи дење и ноќе за да не обременуваме никого од вас, ние ви Го про­поведавме Божјото благовестие. Сведоци сте и вие и Бог, дека свето, праведно и беспрекорно постапувавме пред вас, кои верувате. Зашто знаете дека сите вас поединечно, како татко своите чеда, ве поттикнувавме и утешувавме и ви сведочевме да живеете достојно за Бога, Кој ве повикува во Своето царство и слава. Токму заради тоа непрестајно Му благодариме на Бога, бидејќи, откако го при­мив­те словото Божјо што го чувте од нас, го при­таивте не како човечко слово, туку – какво што навистина е – Божјо слово, кое и дејствува во вас, кои верувате. Вие, браќа, станавте подражатели на Божјите цркви во Христос Исус, што се во Јудеја, зашто и вие пострадавте од своите сонародници, како и тие од Јудејците кои ги убија Господ Исус и своите проро­ци, и нас нѐ избркаа, и на Бога не Му угодија, и им се противат на сите луѓе; тие ни забрануваат да им зборуваме на незнабошците, за да се спасат и со тоа секогаш ги дополнуваат своите гревови; но, на крајот, гневот ги достигна. А ние, браќа, откако бевме одвоени од вас за кратко време, далеку од очи, но не и од срце, со уште поголема жел­ба настојувавме да ве видиме. Затоа посакавме да дој­де­ме кај вас – барем јас, Павле, и тоа не еднаш или двапати – но нѐ попречи сатаната. Зашто, кој е нашата надеж или ра­дост, или венец за пофалба? Та нели сте вие пред нашиот Господ Исус Хрис­тос при Неговото доаѓање? Да, вие сте нашата слава и радост! Поради тоа, не можејќи веќе да трпиме, сметавме дека ќе биде добро во Атина да останеме сами, и го испративме Тимотеј, нашиот брат и Божји служител, и наш сотрудник во Христовото благовестие, за да ве укрепи и утеши во вашата вера, та никој да не се поколеба во тие маки; зашто сами знаете дека затоа сме определени. Бидејќи и кога бевме кај вас ви претскажувавме дека ни претстои страдање и, како што знаете, така и беше. Затоа и јас, не можејќи веќе да трпам, пратив да дознаам за вашата вера, да не ве искушал некако иску­шу­вачот, та нашиот труд да биде залуден. Но сега, откако Тимотеј ни се врати откај вас и ни донесе добра вест за вашата вера и љубов, и за тоа дека секогаш нѐ памтите по добро, копнеејќи да нѐ видите, како и ние вас, ние, и покрај сета мака и неволја, се утешивме за вас, браќа, преку вашата вера; зашто ние сега живееме, ако вие стоите цврсто во Господ. Каква благодарност мо­жеме да Му воздадеме на Бога за вас за сета радост со која се радуваме поради вас пред нашиот Бог, кога деноноќно најусрдно се молиме да го видиме вашето лице и да го дополниме она што ѝ не­достига на вашата вера? А Самиот наш Бог и Отец, и нашиот Господ Исус Христос, нека ни го насочи патот кон вас! Вам, пак, Господ да ви даде да рас­тете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, како што и ние изобилуваме со љубов кон вас, и да ги утврди вашите срца, та да бидат непорочни во светоста пред нашиот Бог и Отец при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос со сите Негови светии! И така, браќа, ве молиме и ве преколнуваме во Господ Исус: како што научивте од нас како треба да живеете и да Му угодувате на Бога – сѐ повеќе во тоа да напредувате; Бидејќи знаете какви заповеди ви дадовме преку Господ Исус. Ова е волјата Божја, вашето осветување: да се воздржувате од блуд, и секој од вас да знае да го чува својот сад во светост и честитост, а не во похотна страст, како незна­бошците, кои не Го познаваат Бога, не го погазува и измамува својот брат во тоа; бидејќи Господ за сето тоа се одмаздува, како што и порано ви зборував­ме и сведочевме. Зашто Бог не нѐ повика за не­чис­тота, туку за светост. Оној, пак, што го отфрла тоа, не отфрла човек, туку Бога, Кој Го даде Својот Свет Дух во вас. А за братољубието нема потреба да ви пишувам, зашто вие самите сте нау­чени од Бога да се љубите еден со друг, бидејќи така и постапувате со сите браќа по цела Македонија. Но ве молиме, браќа, уште повеќе да нап­ре­ду­вате, и да се стремите да живеете мирно, да се грижите за својата работа и да работите со свои раце како што ви заповедавме; та да се однесувате пристојно кон оние кои не поверувале и да не зависите од никого. Браќа, не сакаме да бидете во незнаење за оние кои се упокоени, за да не тагувате како другите, кои немаат надеж. Бидејќи, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така Бог, преку Исус, ќе ги доведе со Него и упокоени­те. Зашто ова ви го велиме преку Господовото слово, дека ние, живите, што ќе останеме до доаѓањето на Господ, нема да ги престигнеме упокоените. Зашто при заповед, и глас на архангел, и Божја труба, Самиот Господ ќе слезе од небото и најнапред ќе вос­креснат мртвите во Христос; а потоа ние, што сме останале жи­ви, заедно со нив ќе бидеме грабнати во облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ. Па затоа, утешувајте се еден со друг со овие зборови. А за времињата и годините, браќа, нема потреба да ви се пишува, бидејќи вие самите многу добро зна­ете дека денот Господов ќе дојде како кра­дец во ноќта. И додека уште велат: „Мир и безопасност!“, Тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст како родилни болки на бремена жена, и не ќе можат да ја избегнат. Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да ве затече како крадец. Бидејќи сите вие сте синови на свет­лината и синови на денот; ние не ѝ припаѓаме на ноќта, ниту на темнината. И така, да не спиеме, како другите, туку да бидеме будни и трезвени. Зашто оние што спијат, ноќе спијат, и оние што се опиваат, ноќе се опиваат. Ние, пак, кои му припаѓаме на денот, да бидеме трезвени и облечени во оклопот на верата и љубовта и со шлемот на на­дежта за спасение, зашто Бог не нѐ определи за гнев, туку за да добиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос, Кој умре за нас, за ние да живееме заедно со Него, било да сме будни, било да спиеме. Затоа, утешувајте се меѓу себе и надградувајте се еден со друг, како што и правите! И ве молам, браќа, да ги почитувате оние што се трудат меѓу вас, оние што ве водат во Господа и ве укоруваат. Ценете ги со најголема почит и љу­бов заради нивното дело. Живејте во мир меѓу себе! Браќа, ве молиме, поучувајте ги не­уредните, охрабрувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите. Гледајте никој никому да не враќа зло за зло; туку секогаш стремете се да правите добро еден на друг и на сите! Радувајте се секогаш! Молете се непрестајно! Благодарете за сѐ, зашто таква е волјата Божја за вас во Христос Исус! Не гаснете Го Духот! Не презирај­те ги пророштвата! Сѐ испитувајте, за доброто држете се! Воздржувајте се од секакво зло! А Самиот Бог на мирот нека ве освети потполно, и целиот ваш дух, и ду­шата, и телото беспрекорно да се запазат за доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос! Верен е Оној што ве повикува. Тој и ќе го направи тоа. Браќа, молете се за нас! Поздравете ги сите браќа со свет целив! Ве заколнувам во Господ ова пос­ла­ние да им го прочитате на сите свети браќа. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас. Амин! Павле, Силуан и Тимотеј до црк­вата на Солуњаните во Бога, нашиот Отец, и во Господ Исус Христос: благодат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и од Господ Исус Христос! Должни сме секогаш да Му благода­риме на Бога за вас, браќа, како што и прилега, затоа што вашата вера обилно расте и заемната љубов се умножува кај сите вас, така што ние самите се фалиме со вас во Божјите цркви за вашето трпение и вера, и покрај сите прогони и ма­ки што ги поднесувате. Тоа е доказ за праведниот Божји суд, дека вие ќе се удостоите со царството Божјо, за кое и страдате. Бидејќи праведно е пред Бога да им возврати мака на оние што ве мачат, а вам, што сте измачувани, да ви даде спокој заедно со нас, кога Господ Исус ќе се јави од небото со ангелите на Својата сила, во распламтен оган, одмаз­ду­­вајќи им се на оние кои не Го познаваат Бога и кои не му се послушни на благовестието на на­шиот Господ Исус Христос. Тие ќе бидат каз­не­ти со вечна погибел далеку од лицето на Господ и од славата на Неговата сила, кога Тој ќе дојде, во оној ден, за да се прос­лави во Своите светии, и да Му се восхитуваат сите оние што по­веруваа, а исто така и вие, бидејќи со вера го примивте нашето сведоштво. Затоа и секогаш се молиме за вас, за нашиот Бог да ве удостои за повикот и да ги исполни со сила секоја желба за добрина и секое дело на верата, та да се прослави во вас името на нашиот Господ Исус Христос, и вие во Него, по благодатта на нашиот Бог и на Господ Исус Христос. А што се однесува до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и нашето собирање при Него, ве молиме, браќа, да не се поколебате лесно во својот ум, ниту да ве обзема ужас, било од дух, било од збор или од послание, небаре испратено од нас, дека божем веќе настапил Христовиот ден. Никој да не ве измами на никаков на­чин; зашто оној ден нема да настапи до­дека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие човекот на гревот, синот на погибелта, кој се противи и се превознесува над сѐ што се нарекува Бог или светост, за самиот да седне како бог во Божјиот храм, претставувајќи се себеси како Бог. Зар не помните дека уште кога бев кај вас ви зборував за тоа? Сега знаете што го задржува да се открие во своето време. Тајната на беззаконието веќе деј­ствува, само тоа нема да биде извршено додека не се оттргне оној што сега ја за­др­жу­ва; тогаш ќе се открие и беззаконикот, кого Господ ќе го убие со здивот на Својата уста и ќе го истреби со појавата на Своето доаѓање. Доаѓањето на тој беззаконик ќе биде по дејство на сатаната, со секаква сила и знаци и лажни чуда, и со секакво неправедно измамува­ње меѓу оние кои загинуваат, затоа што не ја примиле љубовта кон вистината, та да се спасат. И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда, за да ѝ поверуваат на лагата, та да бидат осудени сите кои не ѝ по­веруваа на вистината, туку ја засакаа не­правдата. А ние сме должни секогаш да Му благодариме на Бога за вас, воз­љу­бе­ни од Господ браќа, затоа што Бог од по­че­токот ве избра за спасение, преку осветувањето од Духот и преку верата во вистината, кон кое ве повика преку нашето благовестие за да ја придобиете славата на нашиот Господ Исус Христос. И така, браќа, стојте цврсто и држете ги преданијата што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание. А Самиот наш Господ Исус Христос и нашиот Бог и Отец, Кој нѐ возљуби и преку Својата благодат ни даде вечна утеха и добра надеж во благодатта, нека ги утеши вашите срца и нека ве утврди во секое добро дело и слово! Најпосле, браќа, молете се за нас, та словото Господово да се шири и да се слави, исто како и кај вас, и да се избавиме од опаки и злобни луѓе, бидејќи немаат сите вера. Но верен е Господ Кој ќе ве утврди и запази од лукавиот. Ние сме уверени за вас во Господа, де­ка го вршите и дека ќе го вршите она што ви го заповедаме. А Господ нека ги упати вашите срца право кон Божјата љубов и кон Христовото трпение! Ви заповедаме, браќа, во името на нашиот Господ Исус Христос, да се оттргнете од секој брат кој живее не­уредно, а не според преданието што го добивте од нас! Зашто сами знаете како треба да нѐ подражавате, бидејќи ние не живеевме неуредно кај вас, ниту, пак, бесплатно јадевме нечиј леб, туку со труд и мака работевме де­ње и ноќе, за да не обременуваме никого од вас. И не поради тоа што немавме власт, туку за самите да дадеме пример, та да нѐ подражавате. Зашто и кога бевме меѓу вас ви го за­поведавме ова: кој не сака да работи, тој нека и не јаде. Но слушаме дека некои од вас жи­веат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи. На таквите им заповедаме и ги охрабрубаме преку нашиот Господ Исус Христос да работат тивко и да го јадат својот леб. А вам, браќа, да не ви здосади да правите добро. Ако некој не го послуша нашето слово од ова послание, обележете го и не дружете се со него, за да се посрами; но не сметајте го за непријател, ту­ку вразумувајте го како брат. А Самиот Господ на мирот нека ви да­де мир секогаш и на секој начин! Господ нека биде со сите вас! Своерачен поздрав од мене, Павле; што е обележје во секое мое послание; јас пи­шу­вам така. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин! Павле, апостол на Исус Христос, по заповед на Бога, нашиот Спа­си­тел, и на Господ Исус Христос, нашата на­деж, до Тимотеј, моето вистинско чедо во ве­рата: благодат, милост и мир од Бога, нашиот Оте­ц, и од Христос Исус, нашиот Гос­под! Тргнувајќи за Ма­ке­до­нија те замолив да останеш во Ефес, за да им заповедаш на некои да не проповедаат друго учење, ниту да се занимаваат со приказни и бес­крајни родословија, кои повеќе предизвикуваат препирања, отколку Божјо наѕидување во верата. А целта на оваа заповед е: љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера. Некои, откако не ги постигнаа тие работи, скршнаа во празнословија, и сакаат да бидат законоучители, но не го разбираат ниту она што го зборуваат, ниту она што уверено го тврдат. Ние знеме дека Законот е добар, ако некој го применува правилно, знаејќи дека Законот не е востановен за праведникот, туку за беззакониците и не­по­корниците, за нечестивите и грешниците, за неправедните и осквернителите, за таткоубијците и мајкоубијците, за човекоубијците, за блудниците, за мажите што легнуваат со мажи, за тр­говци со робје, за нарушители на заклетви, за лажливци, и за сѐ друго, што му е спротивно на здравото учење, според славното благовестие на бла­жениот Бог, кое ми е мене доверено. Му благодарам на Христос Исус, нашиот Господ, Кој ми даде сила, заш­то ме сметаше за верен, поставувајќи ме на служба, мене, кој порано бев богохулник, гонител и насилник. Но, бев помилуван, би­деј­ќи тоа го правев од незнаење, во неве­рие, а благодатта на нашиот Господ се преумножи во мене со верата и љубовта во Христос Исус. Верно и достојно за целосно прифаќање е словото кое вели дека Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, од кои првиот сум јас. Заради тоа и бев помилуван, за прво на мене Исус Христос да ја покаже сета долготрпеливост, за пример на оние што ќе поверуваат во Него за вечен живот. А на Царот на вековите, на Нерас­падливиот, Невидливиот, Единствениот Мудар Бог, нека е чест и слава во вечни векови. Амин! Оваа заповед ти ја доверувам, чедо Тимотее, според претходно изречените пророштва за тебе, па потпирајќи се на нив да војуваш добра војна, имајќи вера и добра совест, која не­кои ја отфрлија па претрпеа бродолом во верата; меѓу нив се Именеј и Александар, кои ги предадов на сатаната за да се на­учат да не богохулат. Пред сѐ, замолувам, да се принесуваат молби, молитви, молитвени застапувања и благодарења за сите луѓе: за царевите и за сите што се на власт, та да поживееме тих и спокоен жи­вот во потполно благочестие и достоинство; бидејќи тоа е добро и угодно пред Бога, нашиот Спасител, Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината. Зашто еден е Бог и еден е Пос­ред­ник меѓу Бога и луѓето, Човекот Христос Исус, Кој се даде Себеси како откуп за сите – за сведоштво во свое време; па затоа сум поставен за про­по­ведник и апостол – вистината ја говорам во Христос, не лажам – за учител на незнабошците во верата и вистината. И така, сакам мажите да се молат на секое место, кревајќи чисти раце без гнев и расправии. Исто така и жените, да се облекуваат во пристојна облека, да се украсуваат со срамежливост и честитост, не со плетенки, ниту со злато, или со бисери, или со скапоцени облеки, туку со добри дела, како што им прилега на жени што му се посветуваат на благочестието. Жената нека учи во тишина, во потполна потчинетост. На жената не ѝ допуштам да по­учува, ниту да господари над мажот, ту­ку нека биде тивка. Бидејќи најпрвин беше создаден Адам, а потоа Ева; и Адам не беше измамен, туку же­ната беше измамена и направи престап. Но таа ќе се спаси преку раѓање деца, ако остане во вера, во љубов и во светост, со благоразумност. Верно е словото: Ако некој тежнее кон епископство, тој сака добра работа. Епископот, пак, треба да е непорочен, маж на една жена, трезвен, благоразумен, угледен, гостољубив, способен да поучува; не пијаница, ни насилник, ни алчен за нечесна добивка, туку кроток, мирољубив и не среброљу­бив; својот дом добро да го управува и да ги држи децата во послушност и достоинствени во сѐ, зашто, ако некој не умее да управува со својот дом, тогаш како ќе се грижи за Божјата Црква? Нека не е нов во верата, за да не се возгордее па да падне под осуда, како ѓа­волот. А уште треба да има и добар углед кај надворешните за да не биде укоруван и да не падне во стапицата на ѓа­во­лот. Ѓаконите, исто така, треба да бидат честити, да не се дволични, да не се оддаваат на многу вино, ниту да се алчни за нечесна добивка; туку тајната на верата да ја пазат со чиста совест. И тие треба прво да бидат ис­питани, та потоа, ако се непорочни, да станат ѓакони. Исто така и нивните жени треба да бидат честити, да не се клеветнички, туку трезвени и верни во сѐ. Ѓаконите треба да бидат мажи на една жена, добро да управуваат со своите деца и со своите домови. Зашто, оние што добро служеле, се здобиваат со угледна по­лож­ба и со голема смелост во верата во Христос Исус. Ова ти го пишувам надевајќи се дека скоро ќе дојдам кај тебе. Но, ако случајно подзадоцнам, да знаеш како луѓето треба да се однесуваат во Божјиот дом, кој е црква на живиот Бог, столб и потпора на вистината. А несомнено, голема е тајната на благочестието: Бог се јави во тело, беше оправдан во Духот, виден од ан­ге­лите, проповедан на народите, во светот примен со вера, вознесен во слава. А Духот јасно зборува дека во по­следните времиња некои ќе отстапат од верата, и ќе слушаат измамнички духови и демонски учења, преку лицемерството на лажливците чија совест е прегорена; кои забрануваат да се стапува во брак и наметнуваат воздржување од ја­дења што Бог ги создал за да се употребуваат со благодарност од оние кои веруваат и ја познаваат вистината. Зашто, секое Божјо создание е добро и ништо не е за отфрлање, ако се прима со благодарност, бидејќи се осветува преку словото Божјо и со молитва. Ова советувај им го на браќата и ќе бидеш добар служител на Исус Хрис­тос, хранет со зборовите на верата и на доброто учење што си го следел досега. Отфрлај ги нечистите и бапски приказни, а вежбај се во благочестие; зашто телесното вежбање донесува мала полза, а благочестието е полезно за сѐ, бидејќи во себе има ветување и за се­гаш­ниот и за идниот живот. Верно е ова слово, и достојно да биде целосно прифатено. Затоа се трудиме и се бориме, зашто се надеваме на живиот Бог, Кој е Спасител на сите луѓе, а посебно на верните. Ова заповедај го и поучувај го! Никој нека не ја презира твојата младост, туку на верните биди им пример во слово, во поведение, во љу­бов, во дух, во вера и во чистота! Додека дојдам, посвети се на чи­тање, утешување и поучување! Не занемарувај го дарот што е во тебе, и кој ти беше даден преку пророштво, со ракополагање од презвитерите. Кон ова насочи се, биди во тоа, та твојот успех да им стане јасен на си­те! Внимавај на себе и на учењето; биди ис­траен во тоа, зашто тоа правејќи го, ќе се спасиш и себеси и оние што те слушаат. Старец не укорувај, туку советувај го како да ти е татко; помладите, пак, како да ти се браќа; стариците како мајки, а младите како сестри, во потполна чистота. Почитувај ги вдовиците кои се навистина вдовици. Ако, пак, некоја вдовица има деца или внуци, тие најнапред нека се научат да го почитуваат својот дом и со тоа да го возвратат долгот кон своите родители, бидејќи тоа е добро и угодно пред Бога. Онаа што е вистинска вдовица и останала сама, таа се надева на Бога и деноноќно е во молби и молитви. Но онаа, што живее рас­пуш­тено, умрела уште додека е жива. Заповедај им го и тоа, за да би­дат непорочни. Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се од­ре­кол од верата и е полош од неверник. За вдовица нека се смета онаа што не е помлада од шеесет години, што имала само еден маж, и е посведочена во добри дела: ако одгледала деца, била гостољубива, миела нозе на светии; ако им помагала на страдалници и се посветувала на секое добро дело. А помлади вдовици не примај, заш­то кога страстите ќе ги одвратат од Христос, ќе посакаат да се мажат, со што ќе навлечат на себе осуда, зашто ја отфрлиле првата верност. А освен тоа, се учат на безделничење, одат по куќите; и не само што безделничат, туку се и брбливи, љубопитни и го зборуваат тоа што не прилега. Па така, сакам помладите вдовици да се мажат, да раѓаат деца, да го водат домаќинството, не давајќи му на противникот никаков повод за прекор; зашто некои веќе застранија по са­та­ната. Ако некој верник или верничка има роднини вдовици, нека се грижи за нив, за да не се обременува црквата и да може да се грижи за оние што се навистина вдовици. Презвитерите, кои управуваат добро, нека се удостојуваат со двојна почит; а особено оние што се трудат во словото и во поуката. Зашто Писмото вели: „Не заврзувај уста на вол кој врши“, и: „Работникот ја заслужува својата плата.“ Не прифаќај обвинение против презвитер, освен кога има двајца или тројца сведоци. Оние што грешат, укори ги пред сите, па и останатите да имаат страв. Те заколнувам пред Бога и пред Гос­под Исус Христос и пред избраните ан­гели да го пазиш ова без предрасуда и ништо да не правиш од пристрасност. Раце на никого не полагај пребрзо, и не учествувај во туѓи гревови! Чувај си ја чистотата! Не пиј веќе само вода, туку употребувај по малку и вино, заради стомакот и твоите чести боледувања! Гревовите на некои луѓе се јасно видливи и му претходат на судот, а на некои се откриваат подоцна Така и добрите дела се јасно видливи; а и оние што не се такви, не можат да се сокријат. Робовите, што се под јарем, нека ги сметаат своите господари достојни за секаква по­чест, за да не се хули Божјото име и учењето. Оние, пак, чии господари веруваат, нека не ги презираат зашто им се браќа по вера; туку уште поусрдно да им служат, зашто оние на кои добро им служат се верни и возљубени. Така поучувај и советувај! Ако некој поучува поинаку и не се води според здра­вите зборови, оние на нашиот Господ Исус Христос, и според благочестивото учење, тој се возгордеал и не знае ништо, туку има болна желба за расправи и за празни препирки од кои произлегуваат завист, кавги, хулење, зли мисли; постојани препирки меѓу луѓето што се со изопачен ум и се лишени од вистината, па мислат дека благочестието е средство за добивка. Бегај од такви! И навистина, благочестието е голема добивка кога е здружено со чувство на задоволност. Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека ништо не можеме ниту да однесеме. Но кога имаме храна и облека, да бидеме задоволни со тоа. А оние што сакаат да се збогатува­ат, паѓаат во искушение, во стапици и во многу неразумни и штетни страсти, што ги потопуваат луѓето во пропаст и погибел. Зашто среброљубието е коренот на сите зла; а некои, пре­да­вајќи му се, се отклонија од верата и си нав­ле­коа многу маки. Но ти, човеку Божји, бегај од овие нешта и стреми се кон праведност, благочестие, вера, љубов, трпение и кротост! Војувај ја добрата војна на верата; освој го вечниот живот за кој си повикан и за кој си дал добра исповед пред многу сведоци. Ти заповедам пред Бога, Кој оживотворува сѐ, и пред Христос Исус, Кој пред Понтиј Пилат посведочи со добра исповед, да ја запазиш заповедта чиста и непорочна сѐ до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, кое, во свое време, ќе го открие блажениот и единствен Вла­де­тел, Цар над царевите и Господар над господарите, Кој е единствен бесмртен и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го ви­ди. Нему нека Му е чест и вечна сила. Амин! На богатите во овој свет заповедај им да не се вообразуваат и да не се надеваат на минливото богатство, туку на жи­виот Бог, Кој ни дава за наслада сѐ во изобилие. Нека прават добро, нека се збогатуваат со добри дела, нека бидат дарежливи и сочувствителни, па така да си собираат добра основа за иднината, за да достигнат вечен живот. О, Тимотее, чувај го она што ти е поверено и оттргнувај се од нечисти и празни разговори и од расправии на лажното знаење, на кое некои му се предадоа, па се от­клонија од верата. Благодатта нека биде со тебе. Амин! Павле, по Божја волја апостол на Христос Исус, за возвестување на животот кој ни е ветен во Христос Исус, до Тимотеј, моето возљубеното чедо: бла­годат, милост и мир од Бога Отецот и од Христос Исус, нашиот Господ! Му благодарам на Бога, Кому, како и моите прародители, Му служам со чиста совест, додека непрестајно, и дење и ноќе, те спомнувам во своите молитви. Сеќавајќи се на твоите солзи, копне­ам да те видам, за да се исполнам со ра­дост. Си спомнувам за твојата нелицемерна ве­ра, која најпрвин се всели во баба ти Лоида и во мајка ти Ев­ника, а уверен сум дека ја има и во тебе. Поради тоа ти напомнувам да го распалуваш Божјиот дар, кој е во тебе преку полагањето на моите раце. Зашто Бог не ни даде дух на плашливост, туку на сила, љубов и благоразумност. Затоа, не срами се од сведо­че­ње­то за нашиот Господ, ни­ту од мене, затвореникот за Него, туку стани соучесник во страдањата за благовестието, според силата на Бога, Кој нѐ спаси и нѐ повика со свет повик, не поради нашите дела, туку според Својата намера и благодатта, што ни е дадена во Христос Исус пред вечни времиња, а е откриена сега со појавувањето на нашиот Спасител Исус Христос, Кој ја уништи смртта и го осветли животот и нераспадливоста преку благовестието, за кое сум поставен како проповедник, апостол и учител на народите. Затоа и така страдам; но не се срамам, зашто знам Кому сум поверувал и уверен сум дека Тој е моќен да го запази мојот залог за оној ден. Имај ги, како пример, здравите збо­рови што си ги чул од мене, со вера и љубов кои се во Христос Исус! Добриот залог запази го преку Све­тиот Дух, Кој живее во нас! Знаеш за тоа дека ме на­пуш­тија сите што се во Азија, меѓу кои и Фигел и Ермоген. Господ нека му даде милост на до­мот на Онисифор, зашто многупати ме успокои и не се посрами од моите око­ви. А, кога дојде во Рим, грижливо ме побара и ме најде. Господ нека му даде да најде милост пред Него во оној ден! А колку служеше тој во Ефес, ти тоа најдобро го знаеш. Ти, пак, чедо мое, зајакнувај во благодатта која е во Христос Исус, и она што си го чул од мене пред многу сведоци, тоа предај им го на верни луѓе кои се способни и други да научат. Па така, поднесувај ги страдањата како добар војник на Исус Христос. Никој кој служи како војник не се вплеткува во работите на секојднев­ниот живот, и тоа го прави за да му угоди на својот војсководач. Но дури и некој да се натпреварува, нема да добие венец доколку не се натпреварувал според правилата. Земјоделецот што се труди прв треба да вкуси од плодот. Размисли за ова што ти го зборувам и Господ ќе ти даде да разбереш сѐ! Спомнувај си Го Исус Хрис­тос од Давидовото потомство, Кој вос­кресна од мртвите, според моето благовестие, за кое страдам дури до окови, како злосторник. Но словото Божјо не може да се стави во окови. Затоа сѐ трпам заради избраните, за да го добијат и тие спасението во Христос Исус, заедно со вечната слава. Верно е словото: Ако со Него сме умреле, со Него и ќе живееме. Ако истраеме, со Него и ќе царува­ме. А ако се одречеме од Него, и Тој ќе се одрече од нас. Ако сме неверни, Тој останува ве­рен, бидејќи Сам Себеси не може да се од­рече. Ова напомнувај им го, заколнувајќи ги пред Господ да не се препираат, заш­то од тоа нема никаква полза, туку са­мо штета за оние што слушаат. Погрижи се да се покажеш достоен на Бога, работник кој нема од што да се срами кога правилно раководи со словото на вистината. А оттргнувај се од нечисти и празни разговори, зашто тие ги водат луѓето кон уште поголема безбожност, и словото на таквите ќе се распространува како жива рана. Такви се Именеј и Фи­лит, кои застранија од вистината, гово­рејќи дека воскресението веќе се збид­на­ло, и со тоа на некои им ја разрушуваат верата. Но Божјиот цврст темел стои непоколебливо, имајќи го овој печат: „Ги познава Господ оние кои се Негови“ и „Да отстапи од неправда секој што го изговара Господовото име!“ Во голем дом нема само златни и сребрени садови, туку и дрвени и глинени; и едните се за чесна употреба, а другите за вообичаена. И така, ако некој се очисти од тоа, тој ќе биде сад за чест, осветен, корисен на господарот и приготвен за секое добро дело. Одбегнувај ги мла­деш­ките похоти и стреми се кон праведност, вера, љубов, мир со оние што Го повикуваат Господа од чисто срце! Оттргнувај се од глупави и празни расправии, зашто знаеш дека тие раѓаат кавги! А Господовиот слуга не треба да се расправа; туку да биде кроток кон сите, способен да поучува, да под­не­сува зло, со кротост да ги превоспитува про­тив­ниците, та Бог некако да им да­де покајание, за да ја познаат вистината, и да се ослободат од стапицата на ѓа­волот кој ги уловил за да ја ис­пол­нуваат неговата волја. Но ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња. Зашто луѓето ќе станат себељубиви, среброљубиви, фалбаџиии, надмени, хулители, непокорни кон родителите, неблагодарни, нечестиви, нечувствителни, непомирливи, клеветници, невоздржливи, жестоки, недоброљубиви, предавници, безобѕирни, вообразени, пове­ќе сластољубиви отколку богољубиви, наизглед благочестиви, а од силата на благочестието се одрекле. Одбегнувај ги таквите! Зашто од нив се и оние што се завлекуваат по куќите и измамуваат слаби женички, претоварени со гревови и обземени од разни похоти, жени, кои секогаш се учат и никогаш не можат да дојдат до спознание на вистината. Па, како што Јаниј и Јамвриј му се противеа на Мојсеј, така и тие ѝ се про­ти­ват на вистината, бидејќи се луѓе со изопачен ум, неподобни за верата. Но веќе нема да напредуваат, зашто нивното безумие ќе им стане јасно на сите, како што се случи и со оние двајца. Ти го следеше моето учење, поведение, целта, верата, долготрпеливоста, љубовта, истрајноста, прогоните и страдањата што ми се случија во Антиохија, и во Ико­ни­ја, и во Листра. Какви сѐ прогони пре­тр­пев; и Господ ме избави од сите нив. И сите, што сакаат да живеат благочестиво во Христос Исус, ќе бидат го­нети. А злите луѓе и измамниците ќе напредуваат во лошото, заблудувајќи и други и себеси. Но ти остани во тоа што си го нау­чил и во кое си уверен, зашто знаеш од ко­го си го научил, бидејќи уште од малечок ги познаваш свештените Писанија, што можат да те направат мудар за спасение преку верата која е во Христос Исус. Целото Писмо е боговдахновено и полезно за поука, за разобличување, за поп­равање и за поучување во праведноста, та Божјиот човек да биде усовршен и целосно подготвен за секое добро де­ло. И така, те заколнувам пред Бога и пред Господ Исус Христос, Кој ќе им суди на живите и мртвите, кога ќе дојде Тој и Неговото царство: проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, укорувај, забранувај, советувај со секаква долготрпеливост и поука. Зашто ќе дојде време кога луѓето нема да го поднесуваат здравото учење, туку, водени од своите похоти, ќе си изберат учители кои им ги скокоткаат ушите; тие ќе го одвратат својот слух од вистината и ќе се свртат кон приказни. Но ти во сѐ биди трезвен, претрпи зло, направи дело достојно на благовестител, својата служба исполнувај ја! Зашто јас веќе се изливам како жрт­ва, и настапи времето за моето за­ми­ну­вање. Добра војна војував, патот го завршив, верата ја запазив. Понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои го возљубија Неговото доаѓање. Потруди се наскоро да дојдеш кај мене! Зашто Димас ме остави, бидејќи го возљуби сегашниот свет, и отиде во Со­лун; Крискент отиде во Галатија, а Тит во Далмација. Само Лука е со мене. Земи го Марко и доведи го со себе, зашто ми е полезен во службата! А Тихик го пратив во Ефес. Кога ќе дојдеш, донеси ја наметката што ја оставив во Троада, кај Карп, и книгите, а особено пергаментите. Ковачот Александар ми направи големо зло. Господ да му врати според неговите дела! Од него пази се и ти, бидејќи тој многу им се противеше на нашите зборови! При мојата прва одбрана немаше никој со мене: сите ме оставија. Нека не им се прими за грев! Но Господ беше со мене и ме у­крепи, за преку мене целосно да се исполни проповедта, и да ја чујат сите народи; и јас се избавив од устата на ла­вот. Господ ќе ме избави од секакво ло­шо дело и ќе ме запази за Своето небес­но царство. Нему слава во вечни векови. Амин! Поздрави ги Прискила и Акила, и Онисифоровиот дом. Ераст остана во Коринт, а Трофим го оставив болен во Милит. Потруди се да дојдеш пред зимата! Те поздравуваат Евул, Пуд, Лин, Клавдија и сите браќа. Господ Исус Христос нека е со твојот дух! Благодатта нека е со сите вас! Амин! Павле, Божји слуга и апостол на Исус Христос за поткрепување на верата на Божјите избраници и за спознавање на вистината која води кон благочестие, со надеж за вечниот живот, што пред вечни времиња го вети Бог, Кој не лаже, и Кој во Свое време го објави Своето слово преку проповедта што ми ја довери мене по заповед на Бога, нашиот Спасител, до Тит, моето вистинско чедо по за­едничката ни вера. Благодат, милост и мир од Бога Отецот и од Господ Исус Хрис­тос, нашиот Спасител! Во Крит те оставив за да го довршиш незавршеното и во сите гра­дови да поставиш презвитери, како што ти бев порачал: ако е некој непорочен, маж на една жена, и ако има деца што веруваат, што не се укорувани за разузданост или непокорност. Зашто, епископот, како управител на Божјиот дом, треба да е непорочен, да не е гневлив, ни пијаница, ни насилник, ни алчен за нечесна добивка, туку гостољубив, доброљубив, благоразумен, справедлив, свет, воздржлив; да се придржува до вистинското слово, онака како што е научен, та да биде силен и да поучува во здравото учење, и да ги побива оние кои му се противат. Зашто има и мнозина непокорни, празнословци и измамници, а особено меѓу обрезаните. На таквите треба да им се затвори устата: тие растураат цели домови, учејќи на она што не треба, и тоа за гнасна печалба. Еден од нив, нивен пророк, беше рекол: „Критјаните се секогаш лаж­ливци, зли ѕверови, мрзливи мешишта.“ Тоа сведоштво е вистинито. Поради таа причина укорувај ги строго, за да бидат здрави во верата, и да не обрнуваат внимание на јудејски приказни и на за­поведи од луѓе кои се одвраќаат од вистината. За чистите сѐ е чисто, а на осквернетите и на неверните ништо не им е чисто; напротив, ним им се осквернети и умот и совеста. Тврдат дека Го познаваат Бога, но со делата Го одрекуваат, бидејќи се одвратни, непокорни и неспособни за никакво добро дело. Ти, пак, зборувај го она што е во согласност со здравото учење. Старците да бидат трезвени, угледни, благоразумни, здрави во верата, во љу­бовта, во трпението; стариците, исто така, да живеат како што им прилега на светии – да не клеветат, да не се предаваат на многу вино, да поучуваат на она што е добро, за да ги вразумуваат младите жени да ги љубат своите мажи и своите деца; да бидат благоразумни, чисти, добри домаќинки, благи, покорни на своите мажи, за да не се хули словото Божјо. Исто така, и помладите поттикнувај ги да бидат благоразумни. Во сѐ покажувај се како обра­зец за добри дела, а во учењето покажувај чистота, достоинство и нерасипаност. Словото нека ти е здраво и беспрекорно, та да се посрами противникот, бидејќи не ќе има да рече ништо лошо за нас. Советувај ги слугите да ги слушаат своите господари, да им угодуваат во сѐ, не противречејќи им; да не крадат, туку во сѐ да по­ка­жу­ваат добра вера, та во сѐ да го украсуваат учењето на Бога, нашиот Спасител. Зашто се јави Божјата благодат, која ги спасува сите луѓе, која нѐ учи да ги отфрлиме безбожноста и похотите од овој свет, па благоразумно, праведно и благочестиво да поживееме во овој свет, очекувајќи ја блажената надеж и објавувањето на славата на великиот Бог и наш Спасител, Исус Христос, Кој се даде Себеси за нас, за да нѐ искупи од секакво беззаконие и да нѐ очисти, та да Му бидеме избран народ, ревносен за добри дела. Ова зборувај го, советувај и укорувај со полна власт. Никој нека не те пре­зира. Напомнувај им да се покоруваат на началствата и властите, да бидат послушни и спремни за секое добро дело, никого да не хулат, да не се караат, туку да бидат љубезни, покажувајќи совршена кроткост кон сите луѓе. Бидејќи и ние некогаш бевме нера­зумни, непокорни, заблудени, бевме ро­бови на похоти и на разни сладострастија, живеевме во злоба и завист, бевме одвратни и се мразевме еден со друг. Но кога се објави добрината и човекољубието на Бога, нашиот Спасител, Тој нѐ спаси, но не пореди праведните дела што ги бевме извршиле, туку според Сво­јата милост, преку бањата на преродувањето и обновувањето од Светиот Дух, Кого изобилно Го излеа на нас преку Исус Христос, нашиот Спасител, та оправдани со Неговата благодат да станеме, според надевањето, наследници на веч­ниот живот. Веродостојно е ова слово; и сакам да го потврдуваш тоа, та оние што по­ве­ру­ва­ле во Бога да се грижат и да предничат во добри дела. Тоа е полезно и добро за луѓето. А избегнувај ги глупавите распрашувања, ро­до­словија, препирки и кавги за Законот, зашто тие се бесплодни и празни. Човекот кој прави раздори предупреди го еднаш и двапати, а потоа оттргни се од него, знаејќи дека таквиот се изо­па­чил, греши и се самоосудил. Кога ќе го пратам кај тебе Артем или Тихик, потруди се да дојдеш кај мене во Никопол, зашто решив таму да прези­мам. Погрижи се да ги приготвиш за пат законикот Зина и Аполос, за да не им недостасува ништо. Но и нашите нека се учат да предничат во добри дела каде што има неодложна потреба, за да не бидат бесплодни. Те поздравуваат сите што се со ме­не. Поздрави ги оние кои нѐ љубат во верата. Благодатта нека биде со сите вас. Амин! Павле, затвореник за Исус Христос, и братот Тимотеј, до нашиот возљубен сотрудник Филимон и до возљубената Апфија, и до Архип, нашиот соборец, и до твојата домашна црква. Благодат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и од Господ Исус Христос! Му благодарам на мојот Бог, спомнувајќи те секогаш во своите молитви, бидејќи слушам за твојата љубов и вера, која ја имаш кон Господ Исус и кон сите светии. Учеството на твојата вера нека се покаже делотворно во познание­то на секое добро што е во нас во Христос Исус. Зашто твојата љубов ни причинува голема радост и утеха, бидејќи преку тебе, брате, се успокоија срцата на светиите. Затоа, иако имам во Христос голема смелост да ти заповедам што треба да правиш, сепак, од љубов кон тебе, те молам. Да, јас, каков што сум, старецот Павле, а сега и затвореник за Исус Христос, те молам за моето чедо Онисим, што го родив во своите окови: тој некогаш ти беше непотребен, а сега ни е потребен и те­бе и мене, па ти го праќам назад, а ти прими го како да е моето срце. Јас сакав да го задржам со мене, за да ми служи место тебе во оковите што ги носам за благовестието. Но без твоја согласност не сакав ништо да направам, за твојата добрина да не биде како од принуда, туку доброволна. Зашто тој можеби затоа накратко се одвои од тебе, за да го придобиеш засекогаш, веќе не како роб, туку како повеќе од роб, како возљубен брат, особено за мене, и уште повеќе за тебе – и по тело, и во Господа. И така, ако ме сметаш за содружник, прими го како да си ме примил мене. Ако, пак, во нешто ти згрешил, или ти е должен, префрли го тоа на моја сметка. Јас, Павле, своерачно потпишувам: јас ќе платам, за да не ти речам дека ти и за самиот себе си ми должен. Да, брате, би сакал да видам од тебе полза во Господа; успокој го моето срце во Господа. Убеден во твојата послушност, ти пишувам, знаејќи дека ќе направиш и повеќе отколку што ти велам. А воедно приготви ми и смес­тување, зашто се надевам дека преку ва­шите молитви ќе ви бидам даруван. Те поздравува Епафрас, кој е со ме­не затвореник за Христос Исус, како и моите сотрудници Марко, Аристарх, Димас и Лука. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вашиот дух. Амин! Бог, Кој во минатото мно­гупати и на многу начини им зборуваше на нашите татковци преку пророците, во овие последни денови ни зборува преку Синот, Кого Го постави за нас­ледник над сѐ, преку Кого ги создаде и вековите. Тој е одблесок на Божјата слава и отпечаток на Неговата суштина и држи сѐ со Својот моќен збор. Откако преку Себе ги очисти нашите гревови, Тој седна од десната страна на Величието во висините. И стана толку повозвишен од ан­ге­лите, колку што е пославно името што го наследи, во споредба со нивното. Зашто кому од ангелите Бог некогаш му рекол: „Ти си Мој Син, Јас денес Те родив“, или пак: „Јас ќе Му бидам Татко, а Тој ќе Ми биде Син?“ Исто така, кога Го воведе Пр­во­ро­де­ниот во светот, рече: „Нека Му се поклонат сите Божји ангели!“ За ангелите, пак, вели: „Ти ги правиш Своите ангели ветрови, а Своите слу­жители – огнен пламен“, а за Синот: „Твојот престол, Боже, е во вечни векови и жезолот на правдата е жезол на Твоето царство. Си ја возљубил правдата и си го намра­зил беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог Те помаза со масло на радоста пове­ќе од Твоите придружници.“ И пак: „Во почетокот Ти, Господи, си ја основал земјата, а и небесата се дело на Твоите раце; тие ќе загинат, Ти остануваш; сите ќе изветват како облека; ќе ги свиткаш како наметка и тие ќе бидат променети; но Ти си истиот, и Твоите години не ќе имаат крај.“ А на кого од ангелите Бог некогаш му рекол: „Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите непријателите како подножје на Твоите нозе?“ Нели се сите тие служителски ду­хови, испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението? Затоа треба особено да внима­ваме на она што го чувме, за да не застраниме. Зашто, ако словото изречено преку ангелите се покажа верно, и ако секој престап и секоја непослушност прими праведна казна, како ли тогаш ќе се извлечеме ако занемариме толку големо спасение кое својот почеток го имаше во проповедта Господова, а ни се потврди од оние што го беа чуле од Него, и кое Бог им го посведочи со знаци и чуда, со разни силни де­ла и со раздавање дарови преку Светиот Дух по Своја волја. Бидејќи идниот свет, за кој зборуваме, Тој не го потчини на ангели туку, напротив – некој некаде посведочил велејќи: „Што е човекот, та да си спомнуваш за него, или синот човечки, та да се грижиш за него? Си го направил само за малку по­мал од ангелите, но со слава и чест си го овенчал; сѐ си потчинил под неговите нозе.“ А кога сѐ му потчини, ништо не му ос­тави непотчинето; но сега уште не гле­даме дека сѐ му е потчинето. А гледаме дека Исус, Кој само за малку беше поставен пониско од ангелите, поради страдањето до смрт беше овенчан со слава и чест, за, по Божјата благодат, Тој да вкуси смрт за сите. Зашто Нему, поради Кого е сѐ и низ Кого е сѐ, откако многу синови приведе во слава, Му прилегаше преку страдања да Го направи совршен За­четникот на нивното спасение. Бидејќи и Оној што осветува, и оние што се осветуваат, сите се од Еден; и за­тоа Исус не се срами да ги нарече браќа, велејќи: „Ќе го возвестам Твоето име меѓу Моите браќа, среде соборот ќе Те славам.“ И пак: „Јас ќе се надевам на Него.“ И одново: „Ете Ме Мене и децата Мои што Ми ги даде Бог.“ А бидејќи децата се учесници во телото и крвта, така и Тој зеде учество во тоа, та преку смртта да го победи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот; па да ги ослободи оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство. Зашто јасно е дека Тој не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авра­амовото потомство; затоа Тој мораше во сѐ да биде сличен на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите на народот. Зашто во она во што и Самиот пострада кога беше искушуван, во тоа може да им помогне на искушуваните. Затоа, свети браќа, соучесници во небесниот повик, имајте го на ум Пратеникот и Првосвештеникот на верата што ја исповедаме, Исус Христос, Кој Му беше верен на Оној што Го поставил, како што беше и Мојсеј – во целиот Не­гов дом. Бидејќи Тој се удостои со поголема слава од Мојсеј, онака како што и градителот има поголема чест од куќата што ја изградил! Зашто секоја куќа се гради од некого; а Оној, Кој изградил сѐ, е Бог. И Мојсеј Му беше верен како слуга на целиот Негов дом, за да го посведочи она што требаше да се соопшти. Христос, како Син во Својот дом. Негов дом, пак, сме ние, доколку докрај цврсто ги запазиме смелоста и надежта, со која се фалиме. Затоа, како што вели Светиот Дух: „Денес, ако го чуете Неговиот глас, не закоравувајте ги своите срца, како во огорченоста на денот на искушувањето во пустината, каде што вашите татковци Ме ис­ку­шуваа, Ме испитуваа, и ги гледаа Моите дела четириесет години. Затоа се разгневив на тоа поколение и ре­ков, секогаш се заблудуваат во срцата; а самите не ги познаа Моите патишта. Па така, во Својот гнев се заколнав дека нема да влезат во Мојот спокој.“ Браќа, внимавајте, да не би во некого од вас да има зло и неверно срце, та да отстапи од живиот Бог. Туку охрабрувајте се секој ден еден со друг, додека сѐ уште се вели: „Денес“, та никој од вас да не се закорави преку измамата на гревот; зашто ние станавме соучесници на Христос, ако докрај цврсто ја задржиме првобитната увереност; како што е речено: „Денес, кога ќе го чуете Неговиот глас, да не се закорават вашите ср­ца онака како кога се побунив­те.“ Зашто кои се тие што чуја и се огорчија, ако не се оние што со Мојсеј излегоа од Египет? Против кого негодуваше Тој че­ти­риесет години? Зар не против оние што погрешија и чии коски останаа во пус­тината? Кому, пак, Тој се заколнал дека нема да влезат во Неговиот спокој, ако не на оние што беа непокорни? И така, гледаме дека тие не можеа да влезат поради неверието. Па така, додека уште важи ветувањето за влегување во Неговиот спокој, да пазиме да не помисли некој од вас дека задоцнил. Зашто и нам ни беше благовестено, како и ним. Но словото, што го беа чуле, не им донесе полза, бидејќи кај оние што го беа чуле, тоа не се соедини со верата. А ние, кои поверувавме, влегуваме во Неговиот спокој, како што рекол Тој: „Па така, во Својот гнев се заколнав дека нема да влезат во Мојот спо­кој“, иако Неговите дела беа завршени уште од создавањето на светот. Зашто некаде за седмиот ден е речено вака: „И во седмиот ден Бог се одмори од сите Свои дела.“ И пак на тоа место: „Нема да влезат во Мојот спокој.“ И така, бидејќи на некои им останува да влезат во него, а оние, на кои порано им беше проповедано благовестието, не влегоа поради непослушност, затоа Тој повторно определи еден ден – „денес“, велејќи преку Давид, по толку време, како што е речено погоре: „Де­нес, кога ќе го чуете Неговиот глас, не закоравувајте ги вашите срца.“ Зашто, ако Исус Навин им беше дал спокој, Бог по­тоа веќе немаше да зборува за друг ден. Затоа, за Божјиот народ сѐ уште ос­та­нува саботна починка. Зашто, оној што ќе влезе во Не­говиот спокој, тој ќе се одмора од своите дела, ка­ко и Бог од Своите. И така, да се погрижиме да влеземе во тој спокој, та никој да не падне во слична непослушност. Зашто, словото Божјо е живо и делотворно, поостро од секаков меч со две острици и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и сржта, и ги проценува мислите и намерите на срцето. И нема создание невидливо за Него, туку сѐ е голо и разоткриено за очите на Оној пред Кого ние ќе одговараме. Така, имајќи велик Првосвеште­ник Кој преминал преку небесата, Исус, Синот Божји, ние треба да се држиме за исповедањето на верата. Зашто, ние немаме Прво­свештеник што не може да сочувствува во нашите слабости, туку таков Кој беше искушуван во сѐ – слично на нас – освен во грев. И така, смело да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да при­миме милост и да најдеме благодат за благовремена помош. Зашто секој првосвештеник, кој се избира од луѓе, се пос­та­вува за луѓето – да служи пред Бога, да принесува да­рови и жртви за гревовите, и да може да сочувствува со оние кои се во незнаење и заблуда, бидејќи и сами­от е подложен на слабости; и затоа е должен да принесува жртви за гревовите, како за народот, така и за своите. И никој врз себеси не ја прима таквата чест, освен оној кој е повикан од Бога, како што беше Арон. Така и Христос не се прослави Самиот Себеси, станувајќи првосвештеник, ту­ку Го прослави Оној што Му рече: „Ти си Мој Син, Јас денес Те родив.“ Како што и на друго место вели: „Ти си свештеник довека, по чинот Мел­хиседеков.“ Во деновите на Својот земен живот, Тој со силен вик и солзи упати молби и молитви кон Оној што можеше да Го спаси од смртта, и поради Својата благобојазливост беше услишан. Иако беше Син, Тој се научи на послушност од она што го пострада, а, откако се усоврши, стана причина за вечно спасение на сите кои Му се послушни, и од Бога беше наречен Прво­свеш­те­ник по чинот Мелхиседеков. За ова би имале многу да ви зборуваме, што е тешко да се протолкува, би­дејќи сте станале мрзливи за слушање. Зашто, иако според годините требаше веќе да бидете учители, вие сѐ уште имате потреба некој да ве учи на првите начела на словото Божјо и дојдовте до таква состојба, што имате потреба од млеко, а не од тврда храна. Секој што се храни со млеко, е не­вешт во словото на правдата, бидејќи е дете; а тврдата храна е за совршените, кои преку подвигот ги извежбале чувствата за разликување на доброто од злото. Затоа, да го оставиме почетното учење за Христос и да се стремиме кон совршенство, да не ја поставуваме одново основата: покајанието од мртви дела и верата во Бога, учењето за крштевањето, ракопола­га­њето, воскресението на мртвите и вечниот суд. И тоа ќе го направиме, ако допушти Бог. Зашто неможно е – оние кои еднаш се просветија, вкусија од небесниот дар, станаа соучесници на Светиот Дух и, откако вкусија од убавиот Божји збор и од силите на идниот век, потоа отпаднаа – да бидат повторно обновени за покајание, зашто повторно во себеси Го распнуваат и Го посрамуваат Синот Божји. Зашто земјата која го впива дождот што често паѓа на неа и раѓа плод добар за оние што ја обработуваат, од Бога добива благослов; а онаа што дава трње и боцки, таа е непотребна и близу е до проклетството, нејзиниот крај е да изгори. Но од вас, возљубени, ние очекуваме нешто подобро и спасително, иако вака ви зборуваме. Зашто Бог не е несправедлив, та да го заборави вашето дело и трудот на љу­бовта што ги покажавте во Негово име, преку вашето некогашно и сегашно служење на светиите. А ние сакаме секој од вас до крај да ја пока­жува истата усрдност за потполна увереност во надежта, та да не станете мрзливи, туку да ги подражавате оние кои преку вера и трпение ги наследуваат ветувањата. Кога Бог му даде ветување на Авраам, бидејќи немаше никој поголем во кого би се заколнал, се заколна во Себе, велејќи: „Навистина ќе те благословам и преблагославам, ќе те умножам и преумножам.“ И така, со долготрпение тој го доби ветеното. Луѓето, пак, се колнат во поголемо од нив, и заклетвата, како потврда, ѝ става крај на секоја нивна препирка. Затоа и Бог, сакајќи на наследниците на ветувањето јасно да им ја по­ка­же неизменливоста на Својата одлука, посведо­чи со заклетва, та преку две неизменливи работи, во кои не е можно Бог да излаже, да имаме крепка утеха и ние, кои прибегнуваме да ја дофатиме надежта која е пред нас, а која за нашата душа е цврста и си­гурна котва, и која влегува дури зад заве­сата, каде што како претходник за нас влезе Исус, станувајќи довека Првосвеш­те­ник по чинот Мелхиседеков. Зашто овој Мелхиседек, цар салимски, свештеник на Севишниот Бог, кој го пресретна Авраам, кога овој се враќаше од победата над царевите, и го благослови, и кому Авраам му даде десеток од сѐ, – тој по значењето на неговото име е прво цар на правдата, а потоа и цар на Салим, односно цар на мирот. Без татко, без мајка, без родословие, немајќи ниту почеток на деновите, ниту крај на жи­вотот и како подобен на Синот Божји, тој останува свеш­теник засекогаш. Видете колку е велик оној кому патријархот Авраам му даде десеток од најдобриот плен! Оние од Левиевите синови, што примаат свештенство, имаат заповед по Законот да земаат десеток од народот, односно од своите браќа, иако и тие произлегле од Авраамовите бедра. Но тој, кој не му припаѓаше на нивниот род, зеде десеток од Авраам и го благослови оној што беше примил ветувања. А неоспорно е дека помалиот се благословува од поголе­ми­от. Така, овде смртни луѓе земаат десетоци, а таму – Оној, за Кого има све­доштво дека е жив. И, така да речам, Левиј, кој прима десеток, и сам даде десеток преку Авраам, бидејќи уште беше во бедрата на својот татко кога Мелхиседек го сретна. Па така, ако совршенство можеше да се постигне преку левитското свеш­тенство, бидејќи врз основа на него на­ро­дот доби Закон, тогаш зошто беше потребно да се воздигне друг свештеник, по чинот Мелхиседеков, и да не се нарекува по чинот Аронов? Зашто, ако се промени свештенството, тогаш се јавува потреба да се измени и Законот. А Оној за Кого се зборува ова, му припаѓа на друго племе, од кое никој не беше пристапувал до жртвеникот; зашто е познато дека нашиот Господ произлезе од Јуда, а за свештенството од ова племе Мојсеј ништо не рекол. Тоа станува уште појасно кога се воздига друг свештеник, сличен на Мелхиседек, Кој станал таков не по силата на те­лесната заповед, туку по силата на неуништливиот живот. Бидејќи е посведочено: „Ти си свештеник довека, по чинот Мелхиседеков.“ А поранешната заповед се укинува поради нејзината слабост и бесполезност, зашто Законот ништо не доведе до совршенство, па се воведува подобра на­деж, преку која се приближуваме до Бога. Тоа беше потврдено со заклетва. Зашто оние беа станале свештеници без заклетва, а Тој – со заклетва, преку Оној што Му рече: „Се заколна Господ и нема да се раскае: ’Ти си свештеник довека, по чинот Мелхиседеков.‘“ Затоа Исус стана залог на толку подобар завет. А тие беа многу свештеници, зашто смртта не им даваше да остане само еден; а Тој, бидејќи живее довека, има свештенство што не изминува. Затоа Тој и може совршено да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се застапува за нив. Таков Првосвештеник и ни тре­ба­ше: свет, незлобив, неосквернет, од­во­ен од грешните и Кој стана повозвишен од небесата. Кој нема потреба, како другите првосвештеници, секојдневно да принесува жртва прво за своите гревови, а потоа и за оние на народот, бидејќи Тој го изврши тоа еднаш засекогаш, принесувајќи се Самиот Себеси. Зашто Законот за првосвештеници поставува луѓе што се немоќни; а сло­вото на заклетвата што е по Законот, го поставува Синот, Кој е совршен довека. А најважното од ова што го зборува­ме е дека имаме таков Прво­свештеник, Кој седна од десната страна на престолот на Величието на небесата, и е служител на светилиштето и на вистинската скинија, која ја постави Господ, а не човек. Бидејќи секој првосвештеник се поставува за да принесува дарови и жртви; затоа беше потребно и Тој да има што да принесе. Зашто, ако Тој беше на земјата, не би бил ни свештеник, зашто има свеш­теници што принесуваат дарови според Законот и му служат на она што е само слика и сенка на небесните работи, како што му беше укажано на Мојсеј од Бога, кога ја подигаше ски­нијата: „Гледај, рече, да направиш сѐ според образецот, што ти беше пока­жан на гората.“ А сега Тој доби толку подобра служба, колку што и заветот на којшто е посредник е подобар, зашто е утврден врз подобри ветувања. Зашто, ако првиот завет беше без недостаток, тогаш немаше да има простор за втор. Но, укорувајќи ги, вели: „Ете доаѓаат денови, вели Господ, и ќе склучам нов завет со Изра­илевиот дом и со Јудиниот дом, но не таков завет каков што склучив со нивните татковци во денот, кога ги фатив за рака за да ги изведам од египетската земја, – зашто тие не останаа во Мојот завет и Јас ги оставив, вели Господ. Бидејќи ова е заветот што ќе му го дадам на Израилевиот дом во оние денови, вели Господ: ќе ги врежам Своите закони во нивните мисли, и на нивните срца ќе ги напишам, и ќе бидам нивен Бог, а тие ќе бидат Мој народ. И никој веќе нема да го учи својот ближен, и никој својот брат, велејќи: ’Познај Го Господ‘, зашто сите, од мал до го­лем меѓу нив, ќе Ме знаат, бидејќи ќе бидам милостив кон нивните неправди, а за нивните гревови и без­за­конијата нема веќе да си спомнувам.“ А кога вели „нов завет“, првиот го прогласува за застарен; а она што е изветвено и остарено, е близу до исчезнување. Секако дека и во првиот завет имаше уредби за богослужение и земно свети­лиште; зашто скинијата беше направена вака: во првиот дел се наоѓаа светилникот, трпезата и приложените лебови; тој дел е наречен „Светиња.“ А зад втората завеса од скинијата беше делот, наречен „Светиња на све­тињите“; во неа се наоѓаа златната кадилница и ковчегот на заветот, од сите страни опкован со злато, во кој стоеја злат­ни­от сад кој содржел мана и расцутениот жезол на Арон, како и плочите на заветот, а над него, пак, херувими на славата, кои го осенуваа местото за очистување; за ова сега нема потреба да се зборува во подробности. При ваков распоред, во првиот дел од скинијата секогаш влегуваа свеш­те­ниците за да го извршуваат богослужението; а во вториот дел влегуваше само првосвештеникот, еднаш годишно, и тоа не без крв, што ја принесуваше како жртва за себе и за гревовите на народот, направени во незнаење. Со ова Светиот Дух ни покажува дека сѐ уште не е отворен патот за све­тилиштето сѐ додека стои првата ски­нија, која е симбол на сегашното време, во кое се принесуваат дарови и жртви кои не можат да го направат совршен по совеста оној што богослужи, бидејќи се состојат само од јадења, пиења и разни миења – телесни прописи, востановени до времето кога сето ова ќе се исправи. Но кога Христос дојде како Прво­свеш­теник на идните добра, Тој влезе низ поголема и посовршена скинија, нера­кот­во­ре­на, односно не онаква каква што се пра­ви на земјата, и не со јарешка и телешка крв, туку со Својата крв влезе во светилиштето ед­наш засекогаш и изврши вечен откуп. Зашто, ако крвта од јунци и јарци, и пепелта од јуница преку попрскување ги осветуваат осквернетите за очистување на телото, тогаш, колку ли повеќе крвта на Христос, Кој преку Светиот Дух се принесе Себеси непорочен на Бога, ќе ја очисти вашата совест од мртви дела за да Му служиме на живиот Бог! Затоа Тој е посредник на нов за­вет, та по Неговата смрт, која стана за откуп на престапите од времето на пр­виот завет, повиканите да го добијат ве­теното вечно наследство. Зашто, каде што има завет, таму е неопходно да следува смртта на заветувачот, бидејќи заветот стапува на сила само по смртта; тој нема никаква сила додека заветувачот е жив. Затоа ни првиот завет не беше утврден без крв. Зашто, откако Мојсеј ги изговори сите заповеди од Законот пред сиот на­род, зеде телешка и јарешка крв со во­да, со црвена волна и со исоп, па ги по­ро­си и самата книга и сиот народ, велејќи: „Ова е крвта на заветот што ви го одреди Бог.“ Исто така со крв ги попрска и скинијата и сите богослужбени садови. И речиси сѐ според Законот се очистува со крв, и без пролевање крв нема простување. И така, беше неопходно сликите на небесните нешта да се очистат на таков начин, а самите небесни нешта со подобри жртви од овие. Зашто Христос не влезе во ракот­во­рено светилиште, кое е само образец на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас; и не за да се принесува Себеси многупати, како што првосвештени­кот влегува во светилиштето секоја го­ди­на со туѓа крв. Инаку Тој би требало многупати да пострада од создавањето на светот. А се­га еднаш засекогаш, до крајот на веко­вите, се јави за да го отстрани гревот, от­како се принесе Сам Себе како жртва. И како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа – суд, така и Христос, откако еднаш се принесе, за да ги понесе гревовите на мнозина, вторпат ќе се јави не веќе како жртва за грев на оние што Го очекуваат, туку за нивно спасение. Бидејќи Законот ја има само сенката на идните добра, а не нивниот вистински лик, никогаш не мо­же со оние исти жртви, што се принесуваат секоја година, да ги усоврши оние кои пристапуваат. Инаку, зар не би престанале да се принесуваат, бидејќи оние што служат, еднаш очистени, не би имале веќе никакво сознание за гревовите. Но преку жртвите секоја година се потсетуваат на гревовите, бидејќи јунешката и јарешката крв не може да ги отпушти гревовите. Затоа, влегувајќи во светот, Христос вели: „Жртви и дарови Ти не посака, а тело Ми приготви. Сепаленици и жртви за гревот не Ти се угодни.“ Тогаш реков: „Ете, доаѓам – напишано е за Мене во поглавјето на книгата – да ја извршам, Боже, Твојата волја.“ Кога погоре рече: „Жртви и принос и сепаленици за гревот – што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни“, а потоа рече: „Ете, доаѓам, Боже, да ја извршам Твојата волја“, со тоа Тој го укинува првото, за да го воспостави второто. Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш. И секој свештеник стои секој ден, служејќи и многупати принесувајќи ги истите жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите; а Тој, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога, и оттогаш чека сѐ додека Неговите непријатели не бидат поло­же­ни како подножје на Неговите нозе. Зашто преку еден принос Тој осветените ги направи засекогаш совр­шени. И Светиот Дух ни посведочи, заш­то, откако порано рече: „Ова е заветот што ќе им го ветам по оние денови, вели Господ: Моите закони ќе ги ставам во нивните срца, и во нивните мисли ќе ги напишам.“ Тој додава: „И за нивните гревови и беззаконија нема веќе да си спомнувам.“ А каде има простување за нив, таму веќе нема принос за грев. И така, браќа, штом имаме слобода да влегуваме во светилиштето преку крвта на Исус, по нов и жив пат, што Тој ни го отвори низ завесата, односно преку Своето тело, и бидејќи имаме велик Свештеник над Божјиот дом, да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ќе ги очис­тиме срцата од зла совест со попрскување и откако ќе го измиеме телото со чиста вода. И цврсто да го држиме исповеданието на нашата надеж, зашто верен е Оној што го даде ветувањето. И да бидеме внимателни еден кон друг за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не изостанувајќи од нашите заеднички собири како што некои имаат обичај, туку да се бодриме еден со друг, и тоа толку повеќе, колку што гледате дека се приближува Денот. Зашто, ако своеволно продолжуваме да грешиме откако ја познавме вистината, тогаш нема веќе жртва за гревови, туку страшно очекување на суд и јаростен оган што ќе ги проголта противниците. Ако оној што го прекршил Мој­се­евиот Закон, доколку има двајца или тројца сведоци, безмилосно се казнува со смрт, тогаш, колку потешка казна, мислите, дека ќе заслужи оној што Го пога­зил Синот Божји и ја осквернил крвта на заветот, преку која е осветен, и Го навредил Духот на благодатта? Зашто ние Го знаеме Оној што ре­кол: „Одмаздата е Моја, Јас ќе наплатам“, вели Господ. И уште: „Господ ќе му суди на Својот народ.“ Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог! Но помнете ги вашите пора­нешни денови кога, откако се просветивте, претрпевте голема борба во стра­дањата, било затоа што бевте јавно изложени на срам и маки, било затоа што станавте соучесници на оние кои така стра­даа. Зашто вие и на моите окови се сожа­лив­те и со радост дозволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот за себеси. И така, не напуштајте ја вашата смелост; таа ви носи голема награда. Вам ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните Бож­јата волја, да го добиете ветеното; зашто уште малку, сосем малку, и „Оној што доаѓа, ќе дојде и нема да задоцни. А праведниот ќе живее преку верата; но ако отстапи нема да ѝ е мил на Мојата душа.“ Ние, пак, не сме од оние што от­ста­пуваат и гинат, туку од оние што веруваат за спасение на душата. А верата е подлога за увереноста во она на кое се надеваме и убеденост во она што не се гледа. Преку неа нашите предци добија све­доштво. Преку вера разбираме дека ве­ко­вите се создадени со Божји збор и дека од невидливото произлегло видливото. Преку вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва од Каиновата; преку неа тој доби сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочи за неговите да­рови; преку неа тој и по смртта уште зборува. Преку вера Енох беше преселен за да не види смрт; и не беше најден, бидејќи Бог го пресели. Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му уго­дил на Бога. А без вера е неможно да Му се уго­ди; бидејќи оние што доаѓаат кај Бога, треба да веруваат дека Тој постои и дека ги наградува оние што Го бараат. Преку вера Ное, откако му беше укажано од Бога за она што уште не се гле­даше, со послушност го направи ков­чегот за да го спаси својот дом. Преку неа тој го осуди светот и според верата стана наследник на праведноста. Преку вера Авраам, кога беше повикан, послуша да појде во местото што требаше да го добие во наследство, и тргна, не знаејќи каде оди. Преку вера тој се насели во ветената земја како туѓинец и живееше под ша­тори со Исак и Јаков, наследници на истото ветување; зашто тој го очекуваше оној град што има цврсти темели, чиј градител и творец е Бог. Преку вера и самата Сара доби сила да зачне па, и пок­рај нејзината возраст, роди, зашто Го сметаше за верен Оној што беше ветил. И така од еден, и тоа речиси мртов, се ро­дија толку многу, колку што се ѕвездите на небото и колку што е безбројниот песок на морскиот брег. Сите тие умреа со вера, не добивај­ќи ги ветувањата, туку само оддалеку ги видоа и ги поздравија, признавајќи дека се туѓинци и придојдени на земјата. Бидејќи оние што така зборуваат покажуваат дека бараат татковина. И ако ја беа имале на ум онаа тат­ковина, од која беа излегле, ќе имаа прилика да се вратат. Но сега копнеат за подобра, односно небесна татковина; затоа и Бог не се срами да се нарече нивен Бог; бидејќи им има приготвено град. Авраам преку вера, кога беше искушуван, го принесе како жртва Исак; тој, што го доби ветувањето, го принесе својот единствен син, за кого му беше речено: „По Исак ќе ти се нарече потом­ството“; зашто тој сметаше дека Бог може и од мртвите да воскреснува и, така да речам, го прими Исак назад. Преку вера Исак ги благослови Јаков и Исав за иднината. Преку вера Јаков, на умирање, го бла­гослови секого од синовите на Јосиф и „им се поклони, потпирајќи се на врвот од својот жезол.“ Преку вера Јосиф, на умирање, спомна за излегувањето на Израилевите синови од Египет и им даде упатства како да постапат со неговите коски. Преку вера, кога Мојсеј се роди, неговите родители три месеци го криеја, зашто видоа дека детето е убаво, и не се плашеа од царската заповед. Преку вера Мојсеј, кога порасна, се откажа да се нарече син на фараоновата ќерка и повеќе сакаше да страда заедно со Божјиот народ, отколку да ужива во минливите гревовни наслади. Прекорувањето заради Христос го сметаше за поголемо богатство од ризниците на Египет; зашто предвид ја имаше наградата. Преку вера тој го напушти Египет, не плашејќи се од царската јарост, зашто издржа, како да Го гледа Невидливиот. Преку вера тој ја прослави Пасхата и изврши по­прс­кување со крв, та истребувачот на првородените да не се допре до нив. Преку вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, а кога тоа се обидоа да го направат и Египќаните, се изда­вија. Преку вера паднаа ѕидовите на Ери­хон, откако беа обиколувани цели седум дена. Преку вера блудницата Раав не загина заедно со неверниците откако благонак­лоно ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат. И што уште да кажам? Зашто не ќе имам доволно време да кажувам за Ге­деон, Варак, Самсон и Јефтај, за Давид и Самоил и за пророците, кои преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија усти на лавови; угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки, станаа силни во војна, прогонија туѓи војски; жени своите мртви ги примија воскреснати; други, пак, беа мачени и не при­фа­тија да бидат ослободени, за да добијат подоб­ро воскресение; а други поднесоа исмевања и камшикувања, па дури и окови и зат­вор; со камења беа убивани, со пила се­чени, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во оскудност, во маки, во страдање – тие, за кои светот беше недостоен – скитаа по пустини, по гори, по пеш­тери и јами во земјата. И сите тие, иако примија сведоштво преку верата, сепак не го добија ветеното, зашто Бог предвиде нешто подобро за нас: тие без нас да не примат совршен­ство. Затоа и ние, опкружени со толкав облак од сведоци, да отфрлиме од себе секакво бреме и гревот кој лесно се при­лепува за нас, и со трпение да по­бр­заме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата – Исус, Кој, заради радоста што беше пред Него, претрпе крст, занемарувајќи го срамот, и седна од десната страна на Божјиот Престол. Мислете на Оној што од грешниците претрпе такво непријателство против Себе, за да не снеможете и да не станете малодуш­ни! Сѐ уште не сте се спротивставиле до крв во борбата против гревот. И сте ја заборавиле утехата која вам, како на синови ви зборува: „Сине мој, не презирај ја казната од Господ и не биди малодушен кога те укорува, зашто Господ го казнува оној кого го љуби, и го бие секој син што го прима.“ Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син кого таткото не го казнува? Ако, пак, останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте незаконски деца, а не синови. Ако ги почитувавме нашите телесни татковци кога нѐ казнуваа, тогаш колку повеќе треба да Му се покориме на Отецот на духовите, за да бидеме живи? Зашто тие нѐ казнуваа за кратко време, како што им се чинело најдобро; а Тој – за наша полза, за да учествуваме во Неговата светост. Секоја казна во почетокот не изгледа дека е за радост, туку за жа­лост; но потоа таа им принесува мирен род на праведност на оние што ќе се поучат од неа. Затоа исправете ги премалените раце и ослабените колена, и израмнете ги патеките за нозете свои, та она што е куцо, да не се исчаши, туку, напротив, да се исцели. Трудете се да имате мир со сите, и светост, без која никој нема да Го види Господ. Внимавајте никој да не се лиши од Божјата благодат, да не никне некој гор­члив корен и да направи штета, и да ве вознемири и преку него да се осквернат мнозина; да нема меѓу вас некој блудник, или нечестив како Исав, кој за едно јадење се откажа од своето право на првородство. Зашто знаете дека тој и отпосле, сакајќи да го наследи благословот, беше отфрлен, бидејќи не најде место за покајание, иако го беше барал дури со солзи. Вие не пристапивте кон гора што може да се допре и кон разгорен оган, кон облак, мрак и бура, и кон трубен звук, и кон глас од зборови, чии слушачи молеа да не им се зборува веќе, зашто не можеа да го истрпат она што им се заповедаше: „Дури и ѕвер да се допре до гората, со камења нека биде убиен.“ И глетката беше толку страшна, што и Мојсеј рече: „Треперам од страв!“ Но вие пристапивте кон гората Сион и кон градот на живиот Бог, небесниот Еру­са­лим, и кон безбројните ангели, на све­че­ниот собор, кон свечениот собор, кон соборот на првородените, кои се запишани на небесата, и кон Бо­га, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совр­шен­ство, и кон Исус, Посредникот на Новиот Завет, и кон крвта за попрскување, која зборува подобро од Авеловата. Гледајте да не Го отфрлите Оној што зборува. Зашто, ако не ја избегнаа казната оние што одбија да Му слу­жат на Оној што зборуваше на земјата, тогаш колку повеќе нема да ја избегнеме ние, кои Го отфрламе Оној, што зборува од небесата; Чиј глас тогаш ја потресе земјата, а Кој сега ветува, велејќи: „Уште еднаш Јас ќе ја потресам не само земјата, туку и небото.“ Зборовите „уште еднаш“ озна­чу­ваат дека колебливото како создадено ќе се промени, за да остане само непоколебливото. И така, примајќи го непоколебливо­то царство, да искажеме благодарност со која ќе Му служиме на Бога благо­угодно, со благобојазливост и во страв, зашто нашиот Бог е оган што проголтува. Бидете истрајни во братољубието! Не запоставувајте ја гостољубивоста, бидејќи преку неа некои, и без да знаат, им укажаа гостопримство на ангели. Помнете ги затворениците, како и вие да сте затворени со нив, и стра­далниците, зашто и самите сте во тело. Бракот да се почитува од сите, и брачното легло да се пази неосквернето; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог. Немојте да бидете среброљупци; задоволувајте се со она што го имате. Зашто Тој рекол: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“; така што слободно да велиме: „Гос­под ми е помошник, и нема да се пла­шам; што може да ми направи човек?“ Помнете ги и вашите учители, кои ви го проповедаа словото Божјо и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја нивната вера. Исус Христос е ист вчера, денес, и довека. Не давајте да ве заведат разни туѓи учења; зашто е добро со благодат да се поткрепува срцето, а не со прописи за јадења, од кои немаа никаква полза оние што ги применуваа. Ние имаме жртвеник од кого нема­ат право да јадат оние што ѝ служат на скинијата, бидејќи телата на животните, чија крв првосвештеникот ја внесува во светилиштето за очистување на грево­вите, се изгоруваат надвор од живе­алиштето. Затоа и Исус, за да ги освети лу­ѓето со Својата крв, пострада надвор од градската порта. И така, да Му пристапуваме надвор од живеалиштето, носејќи го Неговото понижување, зашто овде немаме постојан град, туку го очекуваме оној што ќе дојде. Преку Него, пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните што го прославуваат Неговото име. И не ги заборавајте доброчинствата и споделувањето на она што го имате, зашто такви жртви Му се благоугодни на Бога. Покорувајте им се на ва­шите водачи и бидете им послушни. Тие бдеат за вашите души, бидејќи се задолжени да дадат одговор за нив. Гледајте тоа да го вршат со радост, а не со воздишки, зашто тоа не е полезно за вас. Молете се за нас, зашто сме уве­ре­ни дека имаме добра совест, сакајќи во сѐ добро да постапуваме. Уште повеќе ве замолувам да го правите ова, та поскоро да се вратам меѓу вас. А Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот Завет Го воздигна од мртвите великиот Пастир на овците – нашиот Господ Исус, нека ве усоврши во секое добро дело за да ја исполните Неговата волја, вршејќи го во вас она што Му е Нему благоугодно, преку Исус Христос, Кому слава во вечни векови, Амин! Ве молам, браќа, трпеливо примете го ова поучно слово: зашто накратко ви напишав. Знајте дека братот Тимотеј е ослободен; со него, ако дојде навреме, ќе ве видам. Поздравете ги сите ваши водачи и сите светии! Ве поздравуваат браќата што се од Италија. Благодатта нека биде со сите вас. Амин! Јаков, слуга на Бога и на Господ Исус Христос, испраќа поздрав до дванаесетте племиња, кои живеат раселени. Браќа мои, сметајте дека е голема радост кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека испитувањето на вашата вера поттикнува истрајност: а вашата истрајност нека се покаже совршена за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток. Ако, пак, некому од вас му не­достига мудрост, нека ја бара од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор – и ќе му се даде. Но да бара со вера, без и најмалку да се сомнева; зашто оној кој се сомнева, прилега на морски бран, што ветрот го издига и растура; таков човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Господ. Тоа е колеблив човек, непостојан во сите свои патишта. Братот кој е на скромна положба нека се фали со својата возвишеност, а богатиот – со својата скромност, бидејќи тоа е минливо како цвет од тре­ва; зашто сонцето огрева и со својата жега ја исушува тревата, и нејзиниот цвет отпаѓа, и убавината на неј­зи­ниот лик исчезнува. Така и богатиот ќе овене на своите патишта. Блажен е оној човек кој поднесува искушение, бидејќи откако ќе биде про­верен, ќе го добие венецот на животот, што Господ им го ветил на оние кои Го љубат. Никој, кога е искушуван да не вели: „Бог ме искушува“, бидејќи Бог не може да биде искушуван од злото, и Тој никого не искушува, но секој е искушуван од сопствената по­хота која го влече и мами. Потоа похотата зачнува и раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт. Не лажете се, браќа мои возљубени. Секое дадено добро и секој совршен дар е одозгора, слегува од Оте­цот на светлините, во Кого нема про­мена ниту сенка од измена. Тој нѐ роди по Својата волја преку словото на вистината, за да би­деме првина меѓу Неговите созданија. И така, мои возљубени браќа, секој човек нека биде брз за слушање, а бавен за зборување и бавен за гнев, бидејќи човечкиот гнев не ја из­вр­шува Божјата правда. Затоа, оставаете ја секоја нечистота и насобрана злоба, и со кроткост примете го всаденото слово, кое може да ги спаси вашите души. Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се себеси. Зашто, кој го слуша словото, а не го извршува, тој прилега на човек кој го гледа своето лице во огледало; ќе се погледне, па ќе си замине и веднаш заборава каков бил. Но оној што се задлабочува во совр­ше­ниот закон на слободата, и останува во не­го, и не е заборавлив слу­шател, туку исполнител на дела, тој ќе биде блажен во своето дејствување. Ако некој од вас мисли дека е по­бо­жен, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговата побож­ност е безвредна. Чиста и непорочна побожност пред Бога и Отецот е оваа: да се грижиш за сираци и вдовици во нивните маки и да се запазиш неосквернет од светот. Браќа мои, држете се за верата во Исус Христос, нашиот Господ на славата, без да бидете пристрасни. Зашто, ако во вашето собрание влезе човек со златен прстен и раскошни алишта, а влезе и сиромав во валкани алишта, па се загледате во оној што носи раскошни алишта и му речете: „Ти седни овде на убаво место!“, а на сиромашниот му ре­чете: „Ти стој таму!“, или: „Седни овде, крај моето подножје!“, зарем со тоа не правите разлика помеѓу нив и не станувате ли пристрасни судии? Слушнете, возљубени мои браќа: не ги избра ли Бог сиромашните од овој свет за да бидат богати во верата и наследници на царството, ветено од Него на оние кои Го љубат? А вие го посрамивте сиромавиот! Нели богатите ве угнетуваат и ве влечат по судови? Нели тие хулат на вашето добро име, со кое се нарекувате? Ако го исполнувате царскиот закон според Писмото: „Возљуби го ближниот како себеси“ – добро правите. Но, ако сте пристрасни, пра­вите грев и Законот ве осудува како прес­тапници. Зашто оној што го запазил целиот Закон, а згрешил само во едно, бидува виновен за сѐ. Бидејќи Оној што рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Ако, пак, не вршиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на Законот. Така зборувајте и така постапувајте, како луѓе што ќе бидат судени според за­ко­нот на слободата. Зашто судот ќе биде безмилосен кон оној кој не покажува милост. Милоста торжествува над судот. Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли таквата вера да го спаси? Ако некој брат или некоја сестра се голи и секој ден страдаат за храна, па некој од вас им рече: „Одете си со мир, згрејте се и наситете се!“, а не им го даде она што е потребно за телото – каква е ползата од тоа? Така е и со верата, ако нема дела, сама по себе е мртва. Но може некој да рече: „Ти имаш вера, а јас имам дела“. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас преку моите дела ќе ти ја покажам мојата вера. Ти веруваш дека Бог е еден – добро правиш; но и демоните веруваат и треперат. Дали сакаш да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е мртва? Нели со дела беше оправдан нашиот татко Авра­ам, откако врз жрт­веникот го положи својот син Исак? Гледаш ли дека неговата вера содејствуваше заедно со неговите дела, и дека преку делата, верата се усовршуваше? И се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се сметаше за праведност“, и тој се на­рече Божји пријател. Гледате дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера. Исто така, зарем со дела не се оправда и блудницата Раав, кога ги прими из­ви­дувачите и ги изведе по друг пат? Бидејќи, како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва. Браќа мои, не станувајте мнозина учители, зашто знаете дека ќе добиеме поголемо осудување. Сите ние многу грешиме. А ако некој во зборови не греши, тој е совршен маж, способен да го заузда и целото тело. Ете, кога на коњите им ставиме узда на устите, за да ни се покоруваат, тогаш управуваме со целото нивно тело. Па, ете, и корабите, иако се навистина големи и силно гонети од бурни ветрови, со мало кормило се управуваат онаму каде што кормиларот сака. Па така, и јазикот е мал орган, но се фали со големи работи. Ете, мал оган, а колку голема шума запалува; и јазикот – светот на неправдата – е оган; јазикот е така поставен меѓу нашите органи, што го осквернува целото тело и го разгорува течението на животот, а тој самиот, пак, е запален од пеколот. Секаков вид ѕверови и птици, влекачи и морски животни, се скротува и се припитомува од човечкиот род, но јазикот, тоа зло што не мирува, полно со смрто­носен отров, никој од луѓето не може да го скроти. Со него Го благословуваме Бога и Отецот и со него ги колнеме луѓето создадени според Божјото подобие. Од истата уста излегува и благослов и клетва. Не треба, браќа мои, тоа така да биде. Испушта ли изворот од истиот отвор слатка и горчлива вода? Може ли, браќа мои, смоквата да раѓа маслинки, или лозата смокви? Та­ка, од ниеден извор не извира и солена и слатка вода. Кој е меѓу вас мудар и разумен? Преку доброто однесување нека ги покаже своите дела во кротоста на мудроста. Но, ако во своите срца имате гор­члива завист и себичност, не фалете се и не лажете против вистината: тоа не е мудрост која слегува одозгора, туку земна, душевна, демонска; бидејќи, каде што има завист и себичност, таму има безредие и сѐ е лошо. А мудроста што е озгора, најнапред е чиста, а потоа мирна, кротка, спремна да послуша, полна со милост и добри пло­дови, непристрасна и нелицемерна. Плодот, пак, на правдата во мир се сее од миротворците. Од каде се борбите и расправиите меѓу вас? Зар не од вашите сладострастија, што војуваат во вашите органи? Посакувате и немате; убивате и завидувате, и не можете да добиете; се борите и војувате, а немате, бидејќи не барате. А и кога барате, не добивате, зашто лошо барате, за да го трошите на вашите сладострастија. Прељубници и прељубнички, не знаете ли дека пријателството со светот е непријателство со Бога? Оној што сака да му е пријател на светот, Му станува непријател на Бога. Или, пак, мислите дека Писмото напразно вели: „Тој со ревност го љуби духот што го вселил во нас.“ Но Тој дава поголема благодат; за­тоа е речено: „Бог се противи на горде­ли­вите, а на смирените им дава благодат.“ Па затоа, покорете Му се на Бога; а спротивставете му се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас. Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас; исчистете ги рацете, вие грешните, осветете ги своите срца, вие колебливите! Тагувајте, плачете и липај­те: вашата смеа нека се претвори во плач, а радоста во тага! Понизете се пред Господ и Тој ќе ве воздигне! Не клеветете се еден со друг, браќа: зашто, кој го клевети својот брат или го суди, тој го клевети Законот и го суди Законот. А ако, пак, го судиш Законот, тогаш ти не си извршител на Законот, туку судија. Еден е Законодавецот и Судијата, Кој може да спаси и да погуби: а кој си ти да му судиш на другиот? Слушајте сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе одиме во оној град и таму ќе останеме една година, ќе тр­гуваме и ќе спечалиме“, а не знаете што ќе стане ут­ре. Што е вашиот живот? Тој е пареа, која се појавува за кратко време, па ис­чезнува. Место да велите: „Ако Господ сака да бидеме живи, ќе го направиме и ова и тоа.“ А сега се фалите со својата надменост. Секоја таква фалба е зла. И така, ако некој знае да прави добро, а не го прави, тој прави грев. Дојдете сега вие, богатите, плачете и липајте над маките што идат на вас. Вашето богатство изгни, а вашите алишта ги изгризаа молци. Вашите злато и сребро за'рѓаа, и нивната 'рѓа ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде вашето тело како оган! Сте насобрале богатство за пос­ледните денови. Ете, платата што сте ја задржале од работниците што жнееле на вашите ниви, вика, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ Саваот. Се веселевте на земјата и се насладувавте, сте ги угоиле вашите срца како за ден на колење. Го осудивте, Го убивте Праведниот; и Тој не ви се спротивставуваше. И така, браќа, бидете трпеливи до доаѓањето на Господ! Ете, земјоделецот го исчекува драгоцениот плод од земјата, трпејќи за него, додека не добие ран и доцен дожд. Па и вие бидете трпеливи, укрепете ги своите срца, зашто доаѓањето на Господ се приближи. Браќа, не роптајте еден против друг, за да не бидете осудени: ете, Суди­јата стои пред вратата. Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците што зборуваа во името на Господа. Ете, блажени се оние што истрајаа. Сте слушнале за трпението на Јов и знаете каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и сострадален. А пред сѐ, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту пак со некоја друга заклетва. И вашето „да“ да биде да и вашето „не“ – не, за да не паднете под суд! Ако некој од вас страда, нека се моли; весел ли е, нека Го фали Господа! Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика црковните презвитери и нека се помолат над него, помазувајќи го со масло во името на Господа. И молитвата, која е со вера, ќе го исцели болниот, и Господ ќе го подигне; и ако направил грево­ви, ќе му се простат. Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг за да се исцелите. Голема сила има усрдната молитва на праведникот. Илија беше човек со иста природа како нас; и усрдно Му се помоли на Бога да не врне, и не заврна на земјата три години и шест месеци. И пак се помоли, па небото даде дожд и земјата го даде својот плод. Браќа, ако некој од вас се отклони од вистината, и ако некој друг го пов­ра­ти, тој нека знае дека оној што обратил грешник од лажлив пат, тој ќе спаси една ду­ша од смрт и ќе покрие многу грево­ви. Амин! Петар, апостол на Исус Христос, до избраните што се наоѓаат во Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија, избрани според предзнаењето на Бога Отецот, преку осветувањето од Духот, за пос­луш­ност кон Исус Христос и поросување со Неговата крв: нека ви се умножат благодатта и мирот! Нека е благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по Својата голема милост нѐ прероди за жива надеж преку воскресението на Исус Христос од мртвите, за непропадливо, неосквернето и неовенливо наследство, запазено на небесата за вас, кои сте сочувани со Божјата сила преку верата за спасение, подготвено да се открие во последното време. Во него радувајте се, дури и ако сега е потребно малку да тагувате поради разновидни искушенија, та испитувањето на вашата вера да се покаже подрагоцено од пропадливото злато, кое се испитува преку оган, за да се најде за по­фалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос, Кого Го љубите, иако не сте Го ви­де­ле, и во Кого верувајќи, а сега не гледај­ќи Го, се радувате со неискажлива и преславна радост, примајќи ја крајната цел на вашата вера – спасението на душите. Тоа спасение го бараа и испитуваа пророците што прорекоа за бла­годатта во вас. Тие испитуваа, кое или какво време им посочуваше Христовиот Дух, Кој беше во нив, однапред сведочејќи за Христовите страдања и славата што следува по нив. Ним им беше откриено дека тие не служат за себеси, туку за вас во тоа што сега вам ви беше објавено преку оние кои ви благовестеа во Светиот Дух испратен од не­бо­то, во кое копнеат да ѕирнат и ангелите. Затоа, препашете ги бедрата на вашата помисла, бидете трезвени и имајте надеж во благодатта што ќе ви биде принесена при откровението на Исус Христос. Како чеда на послушанието, не сообразувајте се со поранешните ваши по­хо­ти, кои ги имавте кога бевте во незнаење. Но, како што Оној што ве повика е свет, и вие бидете свети во си­те ваши постапки. Зашто е напишано: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.“ Па ако Го нарекувате Отец Оној, Кој непристрасно суди според сечие де­ло, тогаш поминувајте го времето на вашиот овдешен престој во стравопочит, знаејќи дека не со пропадливи сребро или злато сте избавени од суетниот начин на живеење, предаден од вашите татковци, туку со скапоцената крв на како јагне непо­рочниот и чист Христос, Кој беше предназначен уште пред создавањето на светот, а се појави во пос­ледните времиња заради вас, кои преку Него поверувавте во Бога, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, та вашата вера и надеж да ви бидат во Бога. Откако ги очистивте своите души со послушност кон вистината преку Духот, во нелицемерно братољубие, постојано љубете се еден со друг со чис­то срце, како преродени не од пропадливо семе, туку од непропадливо, преку словото на Бога, што живее и останува довека. Зашто секое тело е како трева, и секоја човечка слава – како цвет од трева: се исушува тревата, и нејзиниот цвет паѓа; но Господовиот збор останува довека. А тоа е зборот кој ви е благовестен. Така, откако ќе отфрлите од себеси секаква злоба и секаква измама, и сите лице­мер­ства, завидувања и клеветења, како новородени деца бидете желни за чистото словесно млеко, та преку него да пораснете за спасение, бидејќи вкусивте дека Господ е добар. Пристапувајќи кон Него, живиот камен, од луѓето отфрлен, но од Бога избран, драгоцен, и самите вие, како живи камења, се вгра­дувате во духовен дом, за да станете свето свештенство, за да принесете духовни жртви, благопријатни на Бога преку Исус Христос. Зашто во Писмото е напишано: „Еве, на Сион поставувам аголен камен, избран и драгоцен; и оној кој верува во Него, нема да се посрами!“ Така за вас, кои верувате, Тој е скапоценост, а за неверниците – „Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник“, и камен од кој тие се препнуваат и карпа на соблазната, на која се сопнуваат зашто се непокорни на словото, за што и беа од­ре­дени. Но вие сте избран род, царско свеш­тенство, свет народ, луѓе придобиени за да ги возвестите совршенствата на Оној Кој ве повикал од темнина во Својата чудесна светлина; вие, кои некогаш не бевте народ, а сега сте народ Божји; кои не бевте по­милувани, а сега сте помилувани. Возљубени, ве молам, како туѓинци и придојдени, да се воздржувате од телесните похоти кои војуваат против душата. Однесувајте се добро меѓу нез­на­бошците, та тие, за тоа за што ве клеветат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на Неговата посета. Така, заради Господ, покорувајте се на секоја човечка власт: било на царот, како на врховна власт, било на управниците како на испратени од него за да ги казнат злосторниците, а да ги пофалат добротворците! Зашто, ова е волјата Божја: со добротворство да го замолкнуваме незнаењето на безумните луѓе, како слободни, но не како такви што ја употребуваат слободата како покривка за злото, туку како Божји слуги. Почитувајте го секого, браќата љубете ги, бојте се од Бога, царот почитувајте го! Слуги, покорувајте им се на своите господари со сета стравопочит, не само на добрите и крот­ките, туку и на суровите! Зашто ова е благоугодно – ако некој, заради свесноста за Бога, ги поднесува жалостите, страдајќи неправедно. Зашто, каква ли е пофалбата, ако трпеливо поднесувате кога ве тепаат поради вашите престапи? Но, ако правите добро и трпеливо страдате, тоа е угодно пред Бога. Зашто за тоа сте повикани, бидејќи и Христос пострада за вас, оста­вајќи ви пример за да врвите по Не­го­вите стапки: Тој не направи грев, ниту, пак, во Неговата уста се најде измама; кога Го навредуваа, Тој не им од­враќаше со навреди; кога страдаше, не се закануваше, туку се препушташе на Оној што суди праведно. Тој Самиот во Своето тело ги понесе нашите гревови на дрвото, та умирајќи за гревовите да живееме за правдата. Преку Неговите рани се исцелив­те. Зашто бевте како изгубени овци, но сега се вративте кон Пастирот и Пазителот на вашите души. Исто така и вие, жените, покорувајте им се на своите мажи, та, дури и оние што не му се послушни на сло­вото, да бидат придобиени без слово, преку поведението на своите жени, откако ќе го видат вашето однесување коешто е во стравопочит и чистота. Таквото поведение да не биде надво­решно, односно со плетење на косите, китење со злато или облекување на убави облеки, туку скришно, во срцето на човекот, во непропадливоста на кроткиот и тих дух, зашто тоа е скапоцено пред Бога. Зашто така некогаш се украсуваа себеси и светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на своите мажи, како што Сара му беше послушна на Авраам, нарекувајќи го господар. Вие сте нејзини чеда, ако правите добро и не се боите од никакво заплашување. Исто и вие, мажите, живејте разумно со нив, давајќи им почит како на послаб сад, како на сонаследници на благодатниот живот, за да не бидат попречувани вашите молит­ви­. А најпосле, бидете сите едномислени, сочувствителни, братољубиви, милосрдни, смиреномудрени; не враќајте зло за зло или навреда за навреда, туку, напротив, благословувај­те, знаејќи дека за тоа сте повикани, за да наследите благослов. „Зашто, кој сака да го љуби животот и сака да види добри денови, нека го пази својот ја­зи­к од зло, и неговите усни да не зборуваат лаги. Нека одбегнува зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него – бидејќи очите на Господ се вперени кон праведните, и Неговите уши – кон нивните молитви, а лицето на Господ е против оние кои прават зло.“ И кој ќе ви направи зло, ако го подражавате доброто? Но, ако и страдате за правда, блажени сте; не плашете се од нивното заплашување и не тревожете се; туку Господ Бог почитувајте Го во своите срца, а бидете секогаш подготвени со кротост и стравопочит, за од­говор на секого што од вас ќе побара сметка за вашата надеж. Имајте чиста совест, та со тоа, што ве клеветат како злосторници, да се посрамат тие што ве кудат поради вашиот добар живот во Христос. Зашто, ако ѝ е угодно на волјата Божја, подобро е да страдате правејќи добро, отколку вршејќи лошо. Бидејќи и Христос еднаш пострада за гревовите, Праведниот за неправедните, за нас да нѐ доведе кај Бога; Тој беше умртвен по тело, но оживеа преку Духот. Со Него отиде да им проповеда и на духовите кои беа в затвор, кои некогаш не се покорија кога Божјата долготрпеливост ги оче­ку­ваше, во времето на Ное, при правењето на ковчегот, во кој малкумина, односно осум души се спасија преку водата. Таа преку образот на крштевањето и сега нѐ спасува, но не со отстранувањето на телесната нечистотија, туку со барањето на чиста совест од Бога, преку воскресението на Исус Христос, Кој, откако се вознесе на небото, е оддесно на Бога, а Кому Му се покоруваат ангелите, властите и силите. И така, бидејќи Христос пострада за нас во тело, и вие вооружете се со истата мисла; зашто оној што пос­традал во тело, тој прекинал со гревот, та преостанатото време на животот во тело да не го проживее веќе со човечки похоти, туку според волјата Божја. Зашто доволно е што изминатото време од животот ја извршувавте волјата на незнабошците, одејќи во разврат, похоти, пијан­ство, гозби, опивања и нечестиви идолослуженија. Затоа ве хулат, чудејќи се што заедно со нив не итате во тој краен разврат; тие ќе одговараат пред Оној Кој е подготвен да им суди на живите и на мрт­вите. Зашто и на мртвите им беше благовестено, та да им биде судено како на луѓе во тело, а да живеат по Бога во духот. Но, се приближи крајот на сѐ, па бидете целомудрени и трезвени во молитвите. А пред сѐ, имајте усрдна љубов меѓу себе; зашто „љубовта покрива многу гревови.“ Бидете гостољубиви еден спрема друг без негодување. Служете си еден на друг, секој со дарбата што ја примил, како добри уп­равители на разнообразната Божја бла­годат. Ако некој зборува, словата нека му бидат како од Бога; ако некој слу­жи, нека служи според силата која Бог ја дава, та во сѐ да се прослави Бог преку Исус Христос, чија слава и вла­де­ење се вечни. Амин! Возљубени, не чудете се на огнот што се случува меѓу вас за да ве искуша, како нешто необично да ви се случува. Но, штом учествувате во Христовите стра­дања, радувајте се, та кога ќе се јави Неговата слава да се зарадувате и развеселите. А ако ве укоруваат поради Христовото име, блажени сте, зашто Духот на славата и Духот Божји почива на вас; тие, значи, хулат на Него, а вие Го прославувате. Никој, пак, од вас да не страда како убиец, или крадец, или злосторник, ни­ту како таков што се меша во туѓи ра­бо­ти; но, ако страда како христијанин, да не се срами, туку да Го прославува Бога за таквиот удел. Зашто време е да почне судот од Божјиот дом; а ако почне најнапред од нас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние кои не му се покоруваат на Божјото благовестие? И кога праведникот одвај се спасува, тогаш каде ќе се јават нечестивите и грешниците!? И така, оние што страдаат според волјата Божја, нека Му ги предадат своите души, како на верен Создател, правејќи добро. Јас, кој и самиот сум презвитер и сведок на Христовите стра­да­ња и учесник во славата, којашто ќе се открие, ги молам презвитерите меѓу вас: пасете го Божјото стадо, кое е со вас, надгледувајќи го не со присила, туку доброволно; не заради срамна печалба, туку со усрдност. Не како да господарите со народот, туку давајќи му пример на стадото. А кога ќе се јави Пасти­рона­чал­ни­кот, ќе го добиете неовенливиот венец на славата. Така и вие, помладите, покору­вај­те им се на старешините; а сите, пак, покорувајте се еден на друг за да се облечете во смиреномудрие, бидејќи „Бог им се противи на горделивите, а на пониз­ните им дава благодат.“ Понизете се под крепката Божја рака, за да ве воздигне кога ќе дојде времето. Секоја ваша грижа положете ја врз Него, зашто Тој се грижи за вас. Бидете трезвени, бидете будни, заш­то вашиот противник, ѓаволот, оби­ко­лува како лав што рика и бара некого да проголта; спротивете му се, цврсти во верата, зна­ејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот. А Бог на секоја благодат, Кој ве по­вика за Својата вечна слава во Христос Исус, по вашето кратко стра­дање, да ве усоврши, зацврсти, укрепи и направи непоколебливи. Нему слава и власт во вечни векови. Амин! По Силуан, кого го сметам за наш верен брат, ви напишав накратко, за да ве утешам и уверам дека ова, во кое стоите, е вистинската Божја благодат. Ве поздравува избраната со вас црква во Вавилон, и мојот син Марко. Поздравете се еден со друг со целив на љубов. Мир на сите вас, што сте во Христос Исус. Амин! Симон Петар, слуга и апостол на Исус Христос, до оние, кои преку правдата на нашиот Бог и Спасител Исус Христос примија еднаква вера како и ние: да ви се умножат благодатта и мирот во познавањето на Бога и Исус, нашиот Господ. Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сѐ што е потребно за животот и побожноста, преку познанието на Оној Кој нѐ повика преку Својата слава и совршенство, преку кои ни се дарувани многу го­леми и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа, откако се оддалечивте од похотната пропадливост во светот; затоа, целосно грижејќи се за ова, кон својата вера придодадете ја добродетелта, а кон добродетелта – знаење, кон знаењето – воздржување, кон воз­држувањето – трпение, кон трпението – благочестие, кон благочестието – братољубивост, кон братољубивоста – љубов. Зашто, ако овие нешта ги има во вас и се умножуваат, тие нема да ве ос­та­ват безделни, ниту бесплодни во позна­нието на нашиот Господ Исус Христос. Бидејќи оној што ги нема овие нешта, тој е слеп, кусоглед и заборава дека се очистил од своите стари гревови. Затоа, браќа, уште повеќе насто­ју­вај­те да го зајакнете вашиот повик и из­бор, зашто, ако го вршите тоа, никогаш нема да паднете. Зашто така широко ќе ви се отвори влезот во вечното царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Поради тоа секогаш ќе се трудам да ви ги напоменувам овие работи, иако ги знаете, и сте утврдени во сегашната вистина. А сметам дека е праведно, додека сум во ова тело, да ве потсетувам, бидејќи знам дека наскоро ќе го оставам моето тело, како што ми откри нашиот Господ Исус Христос. Но, ќе се погрижам, и по мојата смрт, вие секогаш да се потсетувате на овие нешта. Зашто ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени приказни, туку самите бевме очевидци на Не­го­во­то величие. Зашто Тој прими чест и слава од Бога Отецот, кога од великолепната Слава до Него дојде ваков глас: „Овој е Мојот воз­љубен Син, во Кого е Мо­јата волја.“ И ние го чувме тој глас, што дојде од небото, кога бевме со Него на светата гора. И така пророчкото слово станува уште поверно за нас; и добро правите што нему му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца. Знајте го прво тоа дека ниедно про­роштво од Писмото не е сопствено ка­жување на пророкот. Зашто никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале водени од Светиот Дух. А имаше и лажни проро­ци во народот, како што и меѓу вас ќе има лажни учители, кои бесшумно ќе подметнат погубни ереси и, одрекувајќи се од Владиката, Кој ги откупил, ќе навлечат врз себеси брза погибел. И мнозина ќе го следат нивниот разврат, и поради нив патот на висти­на­та ќе биде похулен. Од алчност ќе ве придобијат со ласкави збо­рови; но нивното осудување, одамна подготвено, нема да задоцни и нивната погибел не дреме. Зашто Бог, не ги поштеди ниту анге­лите што згрешија, туку, врзувајќи ги со вериги на најтемниот мрак и фрлајќи ги во пеколот, ги предаде да бидат чувани за суд; и не го поштеди стариот свет, туку, кога нанесе потоп врз нечестивиот свет, го запази само осумчленото семеј­ство на Ное – проповедникот на правдата; и градовите Содом и Гомор ги осу­ди на разурнување и ги претвори во пе­пел, оставајќи ги како пример за идни­те нечестиви, а го избави праведниот Лот, кој беше измачуван од развратниот живот на беззакониците. Зашто, кога меѓу нив живееше праведникот, тој од ден на ден ја измачуваше својата праведна душа, гледајќи ги и слушајќи ги без­за­конските дела; значи Господ знае како да ги избавува благочестивите од искушенија, а непра­ведните да ги чува за да бидат казнети на судниот ден; а најмногу оние што ја следат плотта во нејзините гнасни похоти, и ја презираат власта. Дрски се, самоволни, и не се плашат да хулат на славата; но дури ни ангелите, кои се поголеми по моќ и сила од нив, не изнесуваат пред Господа хула против нив. А тие, како неразумни животни, по природа создадени да се ловат и да се ништат, хулејќи го она што не го познаваат, во својата пропадливост ќе загинат, добивајќи отплата за вршење неправда. Тие секојдневниот раскош го сметаат за задоволство; тие се скверни и порочни, насладувајќи се со своите измами, додека јадат со вас; имаат очи полни со прељубодејство и ненаситени со грев; ги мамат не­ут­врдените души; имаат срце привикнато на лакомство. Тие се чеда на проклетството! Откако го оставија правиот пат, се заблудија, тргнаа по патот на Восоровиот син Валаам, кој засака пла­та за вршење неправда; но, беше изобличен за своето беззаконие, кога безгласното магаре проговори со човечки глас и го запре безумството на пророкот. Тие се безводни извори, облаци од бу­ра разнесувани; за нив за навек е зачуван мракот на темнината. Зашто, говорејќи големи и празни зборови, ги мамат на телесни похоти и на разврат оние кои тукушто се оттргнале од таквите што живеат во заблуда. Им ветуваат слобода, а тие са­ми­те се робови на пропадливоста, зашто кога не­кој некого победува, тој и го поробува. Зашто, ако оние што веќе ги избегнале световните скверности преку познанието на Господ и Спасителот Исус Христос, повторно се победени, заплеткувајќи се во нив, тогаш за нив последното станува полошо од првото! Зашто подобро ќе беше за нив да не го беа познале патот на правдата отколку, откако го познаа, да отстапат од светата заповед која им е предадена. Ним им се случува според вистинската поговорка: „Песот се враќа на својата блујавица и искапената свиња – во калта.“ Возљубени, веќе ви го пишувам ова второ послание; во двете потсетувајќи ве и будејќи го вашиот чист разум за да си спомнете на зборовите, претходно кажани од светите пророци, и на заповедта од Господ и Спасителот, дадена преку вашите апостоли. Најнапред знајте го тоа дека во пос­ледните денови ќе дојдат подбивачи, кои ќе ги следат своите похоти, и ќе велат: „Каде е ветувањето за Не­говото доаѓање? Зашто, откако нашите тат­ков­ци починаа, сѐ си стои така како од почетокот на созданието.“ Бидејќи тие намерно превидуваат дека, преку словото Божјо од почетокот имаше небеса и земјата беше составена од вода и преку вода, преку која тогашниот свет загина, потопен од вода. Сегашните, пак, небеса и земја, пазени од истото слово, се чувани за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе. Но само ова не превидувајте го, возљубени, дека за Господ еден ден е како илјада години, а илјада години – како еден ден. Господ нема да задоцни со ветувањето, како што некои ова го сметаат за задоцнување; но долго време нѐ трпи, бидејќи не сака некој да загине, туку сите да дојдат до покајание. И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќта; тогаш небесата со голема бучава ќе преминат, и стихии­те распламтени ќе се разрушат, а земја­та, и сѐ што е на неа, ќе изгори. И така, бидејќи сето тоа ќе се раз­руши, какви треба да бидете вие во светото поведение и благочестие, штом го очекувате и посакувате скорото доаѓање на Божјиот ден, во кој небесата разгорени ќе се разрушат и стихиите распламтени ќе се стопат! Но ние, според Неговото ветување, очекуваме нови небеса и нова земја, во кои ќе живее правдата. Затоа, возљубени, очекувајќи го ова, погрижете се пред Него да из­лезете со мир, неосквернети и не­по­рочни; и долготрпеливоста на нашиот Гос­под сметајте ја за спасение – како што ви напиша и нашиот возљубен брат Павле, според дадената му мудрост; како што и зборува за ова во сите свои посланија, во кои има некои работи тешки за разбирање, што неуките и неутврдените ги изопачуваат, како и останатите Писма, за своја погибел. Вие, пак, возљубени, знаејќи го ова однапред, пазете се да не бидете заведени од измамата на беззакониците, и да не отпаднете од својата утврденост, но растете во благодатта и во познанието на нашиот Господ и Спа­сител Исус Христос. Нему слава и сега и во вечниот ден. Амин! Она што беше од почетокот, она што го чувме, она што со своите очи го видовме, што го разгледавме и што нашите раце го опипаа, за Словото на животот – и животот се јави, и видовме, и све­дочиме, и ви го навестуваме вечниот живот, кој беше во Отецот и нам ни се јави – она што го видовме и го чувме, тоа ви го навестуваме, та и вие да имате за­едништво со нас; а нашето заедништво е со Отецот и Неговиот Син, Исус Христос. Тоа ви го пишуваме за да биде нашата ра­дост потполна. А ова е веста што ја чувме од Него и вам ви ја соопштуваме: де­ка Бог е светлина, и во Него нема ни­каква темнина. Ако речеме дека со Него имаме заедништво, а одиме во темнина, тогаш лажеме и не постапуваме според вистината. А ако, пак, во светлина одиме, како што Самиот Тој е во светлина, тогаш еден со друг имаме заед­ниш­тво, и крвта на Исус Христос, Неговиот Син, нѐ очистува од секаков грев. Ако кажеме дека немаме грев, се ла­жеме себеси, и вистината не е во нас. Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен, ќе ни ги прос­ти гревовите и ќе нѐ очисти од секаква неправда. Ако, пак, речеме дека не сме згре­шиле, Него Го правиме лажливец, и Неговото слово не е во нас. Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите. Но, ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Хрис­тос, Праведниот; а Тој е жртва за измирување за на­шите гревови, и не само за нашите, туку и за гревовите на целиот свет. По тоа знаеме дека сме Го познале, ако ги чуваме Неговите заповеди. Оној што вели: „Го познав“, а Неговите заповеди не ги чува, лажливец е и во него нема вистина; а кој го пази Неговото слово, во него Божјата љубов навистина е совршена: по тоа знаеме дека сме во Него. Оној што вели дека престојува во Него, дол­жен е да постапува така, како што и Самиот Тој пос­тапи. Браќа, не ви пишувам нова за­повед, туку старата заповед, што ја имавте од почетокот. Старата заповед е словото, што го чувте од почетокот. Па сепак, нова заповед ви пишувам – нешто што е вистинито и во Него и во вас; зашто темнината одминува, а вистинската светлина веќе свети. Оној што вели дека е во светлина, а го мрази својот брат, тој е сѐ уште во тем­нина. Кој го љуби својот брат, тој престојува во светлина и во него нема соблазна. А оној што го мрази својот брат, тој е во темнина, и во темнина оди, и не знае ни каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите. Ви пишувам, чеда, зашто гревовите ви се простени заради Не­говото име. Ви пишувам вам, татковци, зашто Го спознавате Оној што е од почетокот; ви пишувам, вам, момчиња, зашто го победивте лукавиот. Ви напишав вам, чеда, зашто Го познавте Отецот. Ви напишав, вам, татковци, бидејќи Го познавте Оној што е од почетокот; ви напишав вам, момчиња зашто сте силни, и словото Божјо престојува во вас, па го победивте лукавиот. Не љубете го светот, ниту она што е во него. Ако некој го љуби светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, сѐ што е во светот – похотата на телото, похотата на очите и горделивоста на животот – не е од Оте­цот, туку е од светот. А светот и неговите похоти се минливи, а оној што ја извршува волјата Божја, останува довека. Чеда, последен час е. И како што сте слушале дека антихристот доаѓа, и сега многумина станаа антихристи; по тоа знаеме дека е последниот час. Тие излегоа од нас, но не беа наши; бидејќи ако беа од нас, ќе останеа со нас; но излегоа, за да биде јасно дека не се сите наши. А вие имате помазание од Светиот, и знаете сѐ. Не ви пишав зашто не ја знаете вис­тината, туку затоа што ја знаете и затоа што ниедна лага не доаѓа од вистината. Кој е лажливец, ако не оној, што порекнува дека Исус е Христос? Анти­христ е тој што Ги порекнува Отецот и Синот. Секој што Го порекнува Синот, Го нема ниту Отецот. И така, она што го чувте во почетокот, тоа и нека остане во вас; ако остане во вас она што го чувте од почетокот, и вие ќе престојувате во Синот и во Отецот. А ова е ветувањето што ни го даде Тој: вечниот живот. Тоа ви го напишав заради оние што се обидуваат да ве измамат. А што се однесува на вас, помазанието што го примив­те од Него, останува во вас, и нема потреба некој да ве поучува; но бидејќи Неговото помазание ве учи на сѐ, и е вистинито, и не е лага, затоа останете во Него онака како што ве научило тоа. И така, чеда, останете во Него, та, кога ќе се објави Тој, да имаме смелост и да не се посрамиме од Него при Неговото доаѓање. Штом знаете дека Тој е праведен, знајте го и тоа дека секој што врши правда е роден од Него. Видете каква љубов ни дал Отецот – да бидеме наречени чеда Божји! Затоа светот не ве знае, зашто не Го спозна Него. Возљубени, сега сме чеда Божји! Но сѐ уште не е откриено што ќе бидеме. Зна­еме само дека, кога ќе се открие, ќе бидеме слични на Него, зашто ќе Го видиме каков што е. И секој што ја има таа надеж во Не­го, се очистува себеси, како што е чист Тој. Секој што прави грев, прави и беззаконие; зашто гревот е беззаконие. А знаете дека Тој се јави за да ги зе­ме нашите гревови; а грев во Него нема. Секој што престојува во Него, не гре­ши; секој што греши, не Го видел, ниту Го познал. Чеда, никој да не ве заблудува! Кој постапува праведно, праведен е, како што е праведен Тој. Оној што прави грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од искони. Па затоа и се јави Синот Божји, за да ги урне ѓаволските дела. Секој што е роден од Бога, грев не прави, зашто Неговото семе престојува во него; и не може да греши, бидејќи е ро­ден од Бога. Божјите чеда и ѓаволските чеда по тоа и се познаваат. Секој што не пос­та­пува праведно, и секој што не го љуби својот брат, не е од Бога. Зашто тоа е пораката што ја чувте од почетокот – да се љубиме еден со друг. Но не како Каин, кој беше од лу­ка­виот и го уби својот брат. А зошто го уби? Затоа што неговите дела беа лоши, а оние на неговиот брат – праведни. Не чудете се, браќа мои, ако светот ве мрази. Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги љубиме бра­ќата; оној што не го љуби својот брат, тој останува во смртта. Секој што го мрази својот брат, е човекоубиец; а знаете дека ниеден човекоубиец нема вечен живот во себе. Љубовта ја познаваме по тоа што Тој ја положи за нас Својата душа; но и ние сме должни да ги полагаме своите души за браќата. Но оној што има световно богатство и забележи дека неговиот брат има потреба од нешто, та го затвори своето срце за него – тогаш како Божјата љубов ќе остане во него? Чеда мои, да не се љубиме на збо­р, ниту на јазик, туку на дело и во вистина! И по тоа ќе знаеме дека сме од вис­тината, та ќе ги успокоиме своите срца пред Него; зашто ако нашето срце нѐ обвини, Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ. Возљубени, ако нашето срце не нѐ обвинува, тогаш ние имаме смелост пред Бога, и, што и да побараме, добиваме од Него, бидејќи ги чуваме Неговите за­по­веди и го правиме тоа што е благоугодно пред Него. А Неговата заповед е таа, да веруваме во името на Неговиот Син Исус Христос и да се љубиме еден со друг, како што ни заповедал. И оној што ги чува Неговите заповеди, престојува во Него, и Тој – во него. А по ова знаеме дека Тој престојува во нас: по Ду­хот што ни Го дал. Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку проверувајте дали духовите се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се појавија во светот. По ова се познава Духот Божји. Секој дух што исповеда дека Исус Христос дошол во тело, од Бога е. А секој дух, што не исповеда дека Исус Христос дошол во тело, не е од Бога; тоа е духот на антихристот, за кого сте слушале дека доаѓа, па и сега е веќе во светот. Чеда, вие сте од Бога и нив сте ги победиле; зашто Оној, Кој е во вас, е по­голем од оној што е во светот. Тие се од светот, затоа и световно зборуваат, и светот нив ги слуша. Ние сме од Бога. Оној што Го познава Бо­га, нѐ слуша нас; кој не е од Бога, нас не нѐ слуша. По тоа и ги распознаваме Духот на вистината и духот на заблудата. Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога, и секој, кој љуби, е роден од Бога и Го познава Бога; кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов. Божјата љубов кон нас се покажа во тоа што Бог Го испрати во светот Сво­јот Единороден Син за да живееме пре­ку Него. Во тоа се состои љубовта, бидејќи не Го возљубивме Бога ние, туку Тој нѐ возљуби нас и Го испрати Својот Син како жртва за измирување за нашите гревови. Возљубени, кога така нѐ возљуби Бог, тогаш и ние сме должни да се љу­биме еден со друг. Бог никој никогаш не Го видел. Ако се љубиме еден со друг, Бог престојува во нас и Неговата љубов е совршена во нас. Дека ние престојувавме во Него и Тој во нас, знаеме по тоа што ни дал од Својот Дух. И ние видовме и сведочиме дека Отецот Го испрати Синот како Спа­си­тел на светот. Кој исповеда дека Исус е Синот Бож­ји, во него престојува Бог, и тој – во Бога. И ние познавме и поверувавме во љубовта што Бог ја има кон нас; и оној што престојува во љубовта, во Бога престојува, и Бог престојува во него. Така се усовршува љубовта меѓу нас, за да имаме смелост на судниот ден; би­дејќи, како што Тој е, така и ние сме во овој свет. Во љубовта нема страв, туку совршената љубов го изгонува стравот, бидејќи стравот подразбира казна. Кој се плаши, не е совршен во љубовта. Ние Го љубиме, бидејќи Тој прв нѐ возљуби. Ако некој рече: „Го љубам Бога“, а го мрази својот брат – лажливец е; зашто, кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел? И таа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бог, да го љуби и својот брат. Секој што верува дека Исус е Христос, е роден од Бога, и секој што Го љуби Оној што родил, Го љуби и Родениот од Него. По ова знаеме дека ги љубиме Божјите че­да­, кога Го љубиме Бог и ги из­вршуваме Неговите заповеди. Бидејќи љубовта кон Бог се состои во ова: да ги пазиме Неговите заповеди, а Неговите заповеди не се тешки. Зашто сѐ што е родено од Бога, го победува светот; и ова е победата што го победи светот – нашата вера. Кој го победува светот, ако не оној кој верува дека Исус е Син Божји? Тоа е Исус Христос, Кој дојде преку вода и крв – не само преку вода, туку преку вода и крв; и Духот е Оној Кој сведочи, зашто Духот е вистината. Зашто три се, кои сведочат: духот, водата и крвта; и тие три се во едно. Ако го примаме човечкото све­дош­тво, Божјото сведоштво е поголемо, би­дејќи тоа е Божјо сведоштво, со кое Тој посведочи за Својот Син. Кој верува во Синот Божји, тој го има тоа сведоштво во себе; кој не Му верува на Бог, Го прави лажливец, заш­то не поверувал во сведоштвото со кое Бог посведочил за Својот Син. А ова е сведоштвото: Бог ни да­рувал вечен живот, и тој живот е во Не­говиот Син. Оној што Го има Синот, го има и животот; а оној што Го нема Синот Божји, го нема животот. Ова ви го напишав вам, што верува­те во името на Синот Божји, за да зна­ете дека имате вечен живот и да верува­те во името на Синот Божји. А ова е смелоста што ја имаме пред Него: да нѐ послуша ако побараме нешто по Неговата волја. Ако знаеме дека нѐ слуша кога нешто бараме, знаеме дека ќе до­биеме, што и да сме побарале од Него. Ако некој го види брата си да греши со грев што не е за смрт, нека се моли, и Бог ќе му даде живот, – односно на оние што не грешат за смрт. А има и грев за смрт: за тој грев не велам да се моли. Секоја неправда е грев, но има грев што не е за смрт. Знаеме дека секој што е роден од Бога не греши: но родениот од Бога се пази, и лукавиот не се допира до него. Знаеме дека ние сме од Бога, и дека целиот свет лежи во зло. Знаеме, исто така, дека Синот Божји дојде и ни даде разум, за да Го познаеме Вистинскиот; и ние престојуваме во Вистинскиот – во Не­го­виот Син Исус Христос. Тој е вистинскиот Бог и вечен живот. Чеда, пазете се од идолите. Амин! Од презвитерот до избраната госпоѓа и нејзините чеда, кои јас ги љубам во вистината, – и не само јас, туку и сите што ја познаа вистината; заради вистината која престојува во нас и ќе биде со нас довека. Нека бидат со нас благодатта, милоста и мирот од Бог Отецот и од Гос­под Исус Христос, Синот на Отецот, во вистина и љубов! Многу се зарадував, зашто видов дека не­кои од твоите чеда одат во вистината, онака како што примивме заповед од Отецот. И сега те молам, госпоѓо, не како да ти пишувам нова заповед, туку онаа што ја имавме од почетокот: Да се љубиме ед­ни со други. А ова е љубовта: да одиме по Неговите заповеди. Тоа е заповедта, што ја чувте во почетокот, за да постапувате според неа. Бидејќи во светот влегоа мнозина из­мамници, кои не Го исповедаат Исус Христос, дојдениот во тело. Таквиот е измамник, антихрист. Пазете се, за да не го изгубиме она за кое сме се труделе, туку да добиеме пол­на награда. Секој што оди предалеку и не останува во Христовото учење, Го нема Бог; кој останува во Христовото учење, тој Ги има и Отецот и Синот. Ако некој дојде кај вас и не го носи тоа учење, не примајте го во вашиот дом и не поздравувајте го; зашто оној што го поздравува, учествува во неговите лоши дела. Имам многу да ви пи­шу­вам, но не сакав на хартија и со мастило, зашто се надевам дека ќе дојдам кај вас и дека ќе зборуваме лице в лице, за радоста да ни биде полна. Те поздравуваат чедата на твојата избрана сестра. Амин! Од презвитерот до возљубениот Гај, кого го љубам во вистината. Возљубен, се молам да бидеш здрав и во сѐ да ти биде добро, како што ѝ е добро на твојата душа. Зашто многу се зарадував кога дојдоа бра­ќата и посведочија за твојата вистина – односно како ти одиш во вистината. За мене нема поголема радост од тоа – да слушнам дека моите чеда одат во вистината. Возљубен, ти постапуваш верно во сето она што го правиш за браќата и придојдените. Тие ја посведочија твојата љубов пред црквата. Добро ќе направиш ако ги испратиш како што прилега пред Бога. Бидејќи заради Неговото име трг­наа, не земајќи ништо од незна­бошците. Затоа, ние сме должни да ги примаме таквите, за да станеме сотрудници на вистината. Јас ѝ напишав на црк­вата, но Диотреф, кој сака да биде прв меѓу нив, не нѐ прима. Затоа, ако дојдам, ќе му напомнам за делата што ги прави, напаѓајќи нѐ со лоши зборови; и тоа не му е до­волно, туку браќата и сам не ги прима, а им забранува и на оние што сакаат да ги примаат и ги гони од Цр­к­вата. Возљубен, не угледувај се на зло­то, туку на доброто. Кој прави добро, од Бог е; а кој прави зло, не Го видел Бо­га. За Димитриј посведочија сите, па и самата вистина; а сведочиме и ние; а вие знаете дека нашето сведоштво е вистинито. Многу имав да ти пишувам, но не сакав да ти напишам со мастило и перо, зашто се надевам дека наскоро ќе те видам, и дека ќе позборуваме лице в ли­це. Мир на тебе! Те поздравуваат прија­телите. Поздрави ги пријателите по име. Амин! Јуда, слуга на Исус Христос, и брат на Јаков – до повиканите, осветени во Бога Отецот и зачувани за Исус Хрис­тос: да ви се умножат милоста, мирот и љубовта! Возљубени, грижејќи се постојано да ви пишувам за нашето општо спасение, сметав дека е неопходно да ви на­пишам и да ве замолам да се борите за верата што им е дадена на светиите еднаш засекогаш, зашто се провлекоа некои луѓе, што одамна беа предназначени за оваа осуда, нечестиви, кои благодатта на нашиот Бог ја извртуваат во разврат и се одрекуваат од Единиот Владика Бог и Господ наш Исус Христос. Но сакам да ви напомнам вам, кои ова еднаш го знаевте, дека Господ, откако го спаси народот од египетската земја, ги погуби потоа оние што не веруваа; ангелите, пак, што не го запазија своето достоинство, туку го напуштија своето живеалиште, ги стави во вечни окови, во мрак, за судот на великиот ден; како што Содом и Гомор и околните градови, на сличен начин блудничеа и одеа по друго тело, станаа пример со тоа што беа накажани со вечен оган. Така исто и овие сонувачи го осквернуваат телото, ја презираат власта и хулат на Славата. А архангелот Михаил, кога се препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: „Господ да те спречи!“ А овие хулат на она што не го зна­ат, а во она што природно го знаат, ка­ко неразумните животни, во тоа се рас­па­ѓаат. Тешко ним, зашто тргнаа по Ка­ино­виот пат, се фрлија во заблудата на Ва­лаам заради печалба и загинаа во бунтот Кореев. Тоа се оние што ги поганат вашите трпези на љубовта, јадејќи со вас без страв и напасувајќи се само себеси. Тие се безводни облаци, пренесувани од ветровите, есенски неплодни дрвја, двапати исушени и искорнати; свирепи морски бранови, што како пена ги испуштаат своите срамни дела; ѕвезди лажни, за кои за навек се чува мрачната темнина. А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адам, велејќи: „Ете, доаѓа Господ со илјадници Свои светии, за да изврши суд над сите и за да ги разобличи сите безбожници за сите нив­ни нечестиви дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него без­божните грешници.“ Тие се незадоволни роптачи, кои живеат според своите желби, а нивната уста произнесува горди зборови, восхитувајќи ги луѓето заради корист. Но вие, возљубени, спомнете си ги зборовите што ги кажаа апостолите на нашиот Господ Исус Христос. Тие ви зборуваа дека во последно време ќе се појават подигрувачи, кои ќе постапуваат според своите без­бож­нич­ки желби. Тоа се оние што прават раздори; тие се телесни – и немаат Дух. А вие, возљубени, изградувајќи се во пресветата ваша вера и молејќи се преку Светиот Дух, запазете се во Божјата љубов, очекувајќи милост од нашиот Господ Исус Христос, за вечен живот. И така разликувајќи ги, едни милувајте, а други со страв спасувајте, ис­трг­нувајќи ги од оган, и гнасејќи се од облеката, ис­по­га­нета од телото. А на Оној што може да ве запази да не паднете и да ве претстави непорочни пред Својата слава во радост – на Единствениот Мудар Бог, нашиот Спасител, слава и величие, сила и власт, и сега и во сите векови. Амин! Откровение на Исус Христос, што Му го даде Бог, за да им го покаже на Своите слуги она што треба да се случи скоро; а Тој го објави тоа испраќајќи го преку Својот ангел на Својот слуга Јован, кој го посведочи словото Божјо и сведоштвото на Исус Христос, и сѐ што виде. Блажен е оној што ги чита и оние што ги слушаат зборовите на ова пророштво и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску. Јован – до седумте цркви, што се во Азија: благодат и мир вам од Бога, Кој е, и Кој бил, и Кој доаѓа, и од седумте духови кои се пред Неговиот престол, и од Исус Христос, верниот сведок, првородниот од мртвите и началникот на земните цареви. На Оној што нѐ воз­љу­би и нѐ изми од нашите гревови во Сво­јата крв и нѐ направи царство од свештеници на Својот Бог и Отец, Нему слава и власт во вечни векови. Амин! Ете, доаѓа со облаците, и Него ќе го види се­кое око, и оние што Го прободоа; и ќе се расплачат пред Него сите племиња на земјата. Да. Амин! Јас сум Алфа и Омега – вели Господ Бог, Кој е, Кој беше, и Кој доаѓа, Седржителот. Јас, Јован, вашиот брат и соучесник во жалоста и царството и трпението во Исус Христос, бев на островот, наречен Пат­мос, заради словото Божјо и заради све­доштвото на Исус Христос. Во денот Господов бев обземен од Духот и зад себе чув силен глас како од труба, што велеше: „Тоа што го гледаш, запиши го во книга и испрати го до седумте цркви: во Ефес и во Смирна, во Пергам и во Ти­атир, во Сард, во Филаделфија и во Ла­одикија!“ И се свртев за да го видам гласот што зборуваше со мене; и штом се свртев, видов седум златни светилника, а сред седумте светилника Еден, како Синот Човечки, облечен во долга облека и препашан околу градите со златен појас; главата и косата Му беа бели како бела волна, како снег, а Неговите очи – како огнен пламен; Неговите нозе – слични на бронза усвитена во печка, а Неговиот глас – како шум од многу води. Во Својата десна рака Тој држеше седум ѕвезди, а од Неговата уста излегуваше меч со две острици; Неговото лице светеше како што сонцето сјае во својата сила. Штом Го видов, паднав пред Не­го­вите нозе како мртов, а Тој ја стави Сво­јата десна рака врз мене и ми рече: „Не плаши се! Јас сум Првиот и Последниот и Живиот. Бев мртов, и ете, жив сум за вечни векови и ги имам клучевите од смртта и од адот. И така напиши што виде, што е и што ќе се случи по ова. Ова е тајната на седумте ѕвезди што ги виде во Мојата десница, и на седумте златни светилника: седумте ѕвезди се ангелите на седумте цркви – а седумте светилника, што ги виде, тоа се седумте цркви.“ На ангелот на црквата во Ефес напиши му: вака вели Оној што ги држи седумте ѕвезди во Својата десница, Оној што оди среде седумте златни светилника: ги знам твоите дела, твојот труд и твоето трпение, и дека не можеш да ги поднесеш лошите; и си ги испитал оние што себеси се нарекуваат апостоли, а не се, и си открил де­ка се лажни; и имаш трпение, и си поднесувал заради Моето име и не си се уморил. Но имам нешто против тебе, бидејќи ја остави својата прва љубов. Сети се, значи, од каде си паднал и покај се, и врши ги поранешните дела; ако, пак, не, скоро ќе ти дојдам и ќе го преместам твојот светилник од неговото место, ако не се покаеш. Но ова го имаш: ги мразиш делата на николаитите, коишто и Јас ги мразам. Кој има уво, нека чуе што им вели Духот на црквите: на оној што победува ќе му дадам да јаде од дрвото на животот кое е во Божјиот рај. И на ангелот на црк­вата во Смирна напиши му: вака вели Првиот и Пос­ледниот, Кој беше мртов и ожи­веа: ги знам твоите дела, жалоста и сиромаштијата – но богат си; а ги знам и хулењата на оние што за себе велат дека се Ју­деј­ци, а не се, туку се собрание на сатаната. Не плаши се воопшто од она од што наскоро ќе пострадаш. Ете, наскоро ѓаволот не­кои од вас ќе фрли в затвор за да ве ис­куша, и ќе бидете нажалени десет дена. Биди верен до смрт и ќе ти го дадам венецот на животот. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: победникот нема да биде поразен од втората смрт. А на ангелот на Пергамската црква напиши му: вака вели Оној Кој држи меч со две острици: ги знам твоите дела, и каде живееш: кај престолот на сатаната; и знам дека го држиш Моето име, и дека не се одрече од Мојата вера дури и во деновите кога Мојот верен сведок Антипа беше убиен меѓу вас, кадешто живее сатаната. Но имам нешто малку против тебе, бидејќи таму имаш некои што го држат учењето на Валаам, кој го учеше Валак да ги наведе на грев Израилевите синови, та да јадат идолски жртви и да блудничат Така исто имаш и некои што се придржуваат до уче­њето на николаитите. Покај се! Ако, пак, не, скоро ќе ти дојдам и ќе стапам во борба против нив со мечот од Својата уста. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: на оној што по­бе­дува ќе му дадам од сокриената мана, ќе му дадам и бело камче и на камчето напишано ново име, што никој не го знае, освен оној, што го добива! И на ангелот на црквата во Тиатар напиши му: вака вели Синот Божји, Чии очи се како огнен пламен, а нозете слични на усвитена бронза: ги знам твоите дела, и љубовта, и верата, и служењето, и твоето трпение, и дека твоите последни дела се побројни од првите. Но имам нешто против тебе, бидејќи ѝ допушташ на жената Језавела, која себеси се нарекува пророчица, да ги учи и заведува Моите слуги да блудничат и да ја­дат идолски жртви. А ѝ дадов време да се покае, но таа не сака да се покае за својот блуд. Ете, неа ја фрлам на постела, и оние што правеа прељуба со неа – во голема мака, доколку не се покаат за делата со неа. И нејзините чеда ќе ги погубам со смрт, и сите цркви ќе дознаат дека Јас сум Оној што ги испитува внатрешностите и срцата; и секому од вас ќе му дадам според неговите дела. А вам, на останатите во Тиатир, што не го држите тоа учење и не ги познавте таканаречените „сатански длабочини“, ви велам: нема да ви наложам друго бреме. Но држете го само она што го има­те, додека не дојдам. На оној што победува и ги пази Моите дела до крај, нему ќе му дадам власт над незнабожците, и ќе ги пасе со железен жезол; и тие ќе се распрснат како земјени садови, како што и Јас примив власт од Својот Отец, и нему ќе му ја дадам ѕвездата Деница. Кој има уво, нека чуе што им вели Духот на црквите. И на ангелот на црквата во Сард напиши му: вака вели Оној што ги има седумте духови Божји и седумте ѕвезди: ги знам твоите дела; по име си жив, а мртов си. Биди буден и утврдувај ги останатите што се на умирање; бидејќи твоите дела не ги најдов завршени пред Мојот Бог. Затоа сети се за она што си го примил и чул, и пази го, и покај се. Зашто ако не бидеш буден, ќе дојдам над тебе како крадец, и нема да дознаеш кога ќе дојдам над тебе. Но во Сард имаш неколку имиња што не ги осквернија своите облеки. Тие ќе одат со Мене во бели облеки, би­дејќи се достојни. Оној што победува ќе биде облечен во бе­ла облека, и нема да го избришам неговото име од книгата на животот, туку ќе го признаам неговото име пред Мојот Отец и пред Неговите ангели. Кој има уво, нека чуе што им вели Духот на црквите. И на ангелот на црквата во Филаделфија напиши му: вака вели Светиот, Вистинитиот, Оној, Кој го има Давидовиот клуч, Кој отвора, и никој нема да затвори, – и Кој затвора, и никој нема да отвори: ги знам твоите дела. Ете, пред тебе поставив отворена врата, што никој не може да ја затвори; зашто малку сила имаш, а го запази Моето слово, и не се одрече од Моето име. Ете, ти давам некои од собранието на сатаната, што себеси се нарекуваат Ју­дејци, а не се, туку лажат; ете, ќе направам да дојдат и да се поклонат пред твоите нозе и да познаат дека Јас те возљубив. Бидејќи ти го запази Моето слово за тр­пението, и Јас ќе те запазам од часот на искушението кое ќе дојде над целиот свет, за да ги искуша оние што живеат на земјата. Доаѓам скоро: држи го тоа што го имаш, за никој да не го земе твојот венец. Оној што победува, ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог, и веќе нема да излезе надвор; и ќе го напишам на него името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, на новиот Еру­са­лим, што слегува од небото од Мојот Бог, и Моето ново име. Кој има уво, нека чуе што им вели Духот на црквите. И на ангелот на црк­вата во Лаодикија напиши му: вака вели Амин, Вер­ниот и Вистинит Сведок, Почетокот на Божјото создание: ги знам твоите дела: ти не си ни студен, ни жежок; ех, да беше студен или жежок! Така, бидејќи си млак, а не жежок или студен, ќе те изблујам од Својата уста! Зашто велиш: „Богат сум и се збо­га­тив, и ништо не ми треба“, а не знаеш дека си беден и несреќен, сиромав, слеп и гол; ти советувам да си купиш од Мене злато низ оган прочистено, за да се збогатиш; и бела облека, за да се об­ле­чеш, и да не се гледа срамот на твојата голотија, и очна маст за да ги намачкаш твоите очи, за да гледаш. Оние што Јас ги сакам, нив ги ка­рам и воспитувам. Затоа биди ревносен и покај се. Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене. На оној што победува, ќе му дадам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Својот Отец на Неговиот престол. Кој има уво, нека чуе што им вели Духот на црквите. Потоа погледав, и ете, отворена врата на небото, и претходниот глас, што го бев чул како од труба, кој зборуваше со мене, рече: „Искачи се ов­де и ќе ти покажам што треба да стане по ова!“ И веднаш бев обземен од Духот. И ете, на небото стоеше престол, и на престолот седеше Некој. Оној што седеше изгледаше како камен јаспис и сардис, а околу престолот имаше виножито, кое прилегаше на смарагд. Околу престолот, пак, имаше дваесет и четири престоли; и на престолите седнати дваесет и четири старешини, облечени во бели облеки, со златни венци на нивните глави. И од престолот излегуваа молњи, гласови и грмотевици, а пред престолот гореа седум огнени светила, коишто се седумте Божји духови; пред престолот, пак, имаше нешто како стаклено море, слично на кристал; а среде престолот и околу престолот – четири живи суштества, однапред и одназад полни со очи: првото суштество прилегаше на лав, второто – на теле, третото суштество имаше лице како на човек, а четвртото личеше на орел во лет. И секое од четирите суштества имаше по шест крилја, одоколу и одвнатре беа полни со очи, и немаа починка дење и ноќе, говорејќи: „Свет, свет, свет е Господ Бог Седржителот, Кој беше, Кој е и Кој доаѓа!“ А кога суштествата Му оддаваа слава, чест и благодарност на Седнатиот на престолот, на Живиот во вечни векови, дваесет и четирите старешини паѓаа ничкум пред Седнатиот на престолот, Му се поклонуваа на Живиот во вечни векови и ги полагаа своите венци пред престолот, велејќи: „Достоен си, Господи и Боже наш, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и по Твојата волја сѐ постои и е создадено!“ И видов во десницата на Оној што седеше на престолот, книга напи­ша­на одвнатре и однадвор, запечатена со седум печати. И видов силен ангел што објавуваше со силен глас: „Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините печати?“ И никој не можеше ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, да ја отвори книгата, ниту, пак, да ја гледа. И јас многу плачев што никој не се најде достоен да ја отвори книгата, ниту да ја гледа. И еден од старешините ми рече: „Не плачи! Ете, Лавот, Кој е од Јудиното колено, Давидовиот корен, победи за да ја отвори книгата и нејзините седум печати!“ И, ете, среде престолот и четирите живи суштества и среде старешините, видов, стоеше Јагне, како заклано, кое имаше се­дум­ рога и седум очи, коишто се седумте духови Божји, пратени по целата земја. Тој дојде и ја зеде книгата од Оној што седеше на престолот. И кога ја зеде книгата, четирите суштества и дваесет и четирите старешини паднаа ничкум пред Јагнето, држејќи секој од нив лира и златни чаши, полни со темјан, коишто се молитвите на светиите; и пееја нова песна, велејќи: „Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто беше заклан и со Својата крв, нас, од секој род, јазик, народ и племе нѐ искупи за Бога од секој род, јазик, народ и племе, и ги направи пред нашиот Бог цареви и свештеници, и ќе царуваат на земјата!“ И видов и чув глас на многу ангели околу престолот, околу суштествата и старешините, а бројот им беше десетици илјади по десет илјади и илјадници илјади, што велеа со силен глас: „Достојно е закланото Јагне да ги прими силата и богатството и мудроста и моќта и честа и славата и благословот!“ И чув како секое создание на небото и на земјата, под земјата и во морето, и сѐ што е во нив, зборува: „На Оној што седи на престолот, и на Јаг­не­то – благослов и чест, слава и власт во вечни векови!“ А четирите суштества велеа: „Амин!“ И старе­ши­ните паднаа ничкум и Му се поклонија. И видов кога Јагнето отвори еден од седумте печати, и чув едно од чети­рите суштества кое проговори како со глас на грмотевица: „Дојди и види!“ И видов, ете, бел коњ, и на него ја­вач со лак; и Му беше даден венец, и тој излезе како победник, за да победи. А кога го отвори вториот печат, чув како проговори второто суштество: „Дојди!“ И излезе друг коњ, огнено црвен; и на јавачот му беше дадено да го земе мирот од земјата, та еден со друг да се убиваат; и му беше даден голем меч. И кога го отвори третиот печат, чув како проговори третото суштество: „Дојди и види!“ И видов, ете вран коњ, а на него јавач со вага во својата рака. И чув глас среде четирите суштества, што велеше: „Шиник пченица за де­нариј, и три шиника јачмен за денариј; а маслото и виното не ги оштетувај!“ И кога го отвори четвртиот печат, чув како проговори четвртото суштество: „Дојди и види!“ И видов, ете, сив коњ, а на него јавач, чиешто име беше Смрт; и адот врвеше по него, и му се даде власт над четвртина од земјата – да убива со меч и глад, со помор и земни ѕверови. А кога го отвори петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите заклани заради словото Божјо и заради сведоштвото на Јагнето, што го имаа и викаа со силен глас, велејќи: „До кога, Владико, свети и вистинити, нема да судиш и да им вратиш за на­шата крв на оние што живеат на земјата?“ И на секого од нив му се даде бела облека, и им беше речено да почиваат уште малку време, додека не се исполни бројот на нивните сотрудници и браќа, што ќе бидат убиени, како и тие. И видов, кога го отвори шестиот печат, и настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и целата месечина стана како крв; ѕвездите, пак, небесни паднаа на земјата, како што смоквата нишана од силен ветар ги исфрла своите незрели смокви; и небото исчезна како свиен свиток, и секоја гора и секој остров се по­местија од своите места; и земните цареви, и големците, и началниците, и богатите, и силните, и секој роб и слободен се скрија во пеш­те­рите и горските карпи, велејќи им на горите и на кар­пите: „Паднете врз нас и скријте нѐ од лицето на Оној што седи на престолот и од гневот на Јагнето, зашто дојде великиот ден на Не­го­виот гнев, и кој ли може да опстане?“ Потоа видов четири ангела како стојат на четирите агли од земјата, држејќи ги четирите земни ветрови, за да не дува ветар ни на земјата, ни по морето, ниту на некое дрво. И видов друг ангел како се подига од сончевиот исток држејќи го печатот на живиот Бог. И тој извика со силен глас кон четирите ангела, на кои им беше дадено да им пакостат на земјата и морето, велејќи: „Не пакостете ѝ на земјата, ниту на морето, ниту на дрвјата, додека не им ставиме печат врз челата на слугите на нашиот Бог!“ И го чув бројот на обележаните со печат: сто четириесет и четири илјади беа обележани од сите племиња на Израилевите синови. Од Јудиното племе о­бе­ле­жа­ни со печат – дванаесет илјади; од Рувимовото племе – дванаесет илјади; од Гадовото племе – дванаесет илјади; од Асировото племе – дванаесет илјади; од Нефталимовото племе – дванаесет илјади; од Манасиевото племе – дванаесет илјади; од Симеоновото племе – дванаесет илјади, од Левиевото племе – дванаесет илјади; од Исахаровото племе – дванаесет илјади; од Завулоновото племе – дванаесет илјади; од Јосифовото племе – дванаесет илјади; од Венијаминовото племе – дванаесет илјади обележани со печат. Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое никој не можеше да го преброи, – од сите родови и племиња, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете. И воскликнуваа со силен глас, велејќи: „Спасението е од нашиот Бог, Кој седи на престолот, и од Јагнето!“ А сите ангели стоеја околу прес­то­лот и околу старешините и четирите суштества, и паднаа ничкум пред престолот и Му се поклонија на Бога, велејќи: „Амин! Благословот и славата и мудроста и благодарноста и честа и силата и моќта на нашиот Бог во вечни векови. Амин!“ А еден од старешините прозборе и ме праша: „Оние, облечени во бели облеки, кои се и од каде дошле?“ А јас му одговорив: „Гос­подине мој, ти знаеш.“ А тој ми рече: „Тие се оние што доаѓаат од големи маки; тие ги испраа своите об­ле­ки и ги избелија во крвта на Јагнето. Затоа се пред престолот на Бога, Кому Му служат во Неговиот храм и дење и ноќе; и Оној што седи на прес­то­лот, ќе го распростре Својот шатор над нив; и нема веќе да огладнат, ниту, пак, да ожеднат; и нема да ги пече сонцето и никаква горештина; бидејќи Јагнето, Кое е среде прес­толот, ќе им биде пастир и ќе ги води на изворите со жива вода; и Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи.“ Кога го отвори седмиот печат, настана тишина на небото околу по­ло­вина час. И ги видов седумте ангела што стоеја пред Бога и им беа дадени седум труби. И дојде друг ангел што имаше златна кадилница и застана пред жртвеникот; и му беше даден многу темјан, та со мо­литвите на сите светии да го постави на златниот жртвеник што беше пред престолот. Чадот од темјанот, заедно со молит­вите на светиите се издигна од раката на ангелот пред Бога. И ја зеде ангелот кадилницата, и ја наполни со оган од жртвеникот, и ја фр­ли на земјата, и тогаш се појавија грмотевици и гласови и молњи и зем­јотрес. И седумте ангела што ги држеа седумте труби, се приготвија да затрубат. Првиот затруби, и се појави град и оган, смешани со крв, и беа фрлени на земјата. И една третина од земјата изгоре, и една третина од дрвјата изгореа и сета зелена трева изгоре. Затруби и вториот ангел – и како не­која голема гора, пламната во оган, беше фрлена во морето; и третина од морето се претвори во крв; и умре една третина од морските суштества, што имаа душа; и една тре­тина од корабите пропаднаа. И третиот ангел затруби, и од небото падна голема ѕвезда, која гореше како светило, и падна врз третината од реките и врз водните извори. А името на таа ѕвезда е Пелин. И третина од водите стана како пе­лин, и многу луѓе умреа од водите, би­дејќи тие станаа горки. Затруби и четвртиот ангел, и беше поразена една третина од сонцето, една третина од месечината и една тре­тина од ѕвездите, за да потемне една третина од нив, и третина од денот, ка­ко и од ноќта, да не свети. И видов и чув еден орел како лета среде небото и вика со силен глас: „Тешко, тешко, тешко на оние што жи­веат по земјата од останатите трубни гла­сови на трите ангела што ќе затрубат!“ Затруби и петтиот ангел, и видов ѕвезда падната од небото на земјата. И ѝ беше даден клучот од кла­де­не­цот на бездната; па го отвори кладенецот на бездната, и од кладенецот излезе чад како чад од разгорена печка; сонцето и воздухот потемнеа од чадот на кладенецот. И од чадот излегоа скакулци на земјата, и им се даде власт, каква што имаат земните скорпии. И им се рече да не ја повредуваат тревата по земјата, ниту какво и да би­ло зеленило, ниту какво и да било дрво, туку само оние луѓе што немаат Божји печат на своите чела. И им се даде не да ги убиваат, туку само да ги мачат пет месеци; и нивното маче­ње­ беше како мачење од скорпија, кога ќе касне човек. Во тие денови луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат; и ќе посакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив. Изгледот на скакулците прилегаше на коњи приготвени за војна, на нивните глави имаше нешто слично на златни венци, а лицата им беа како човечки лица; имаа коси како косите на жени, а нивните заби беа како на лавови. И имаа оклопи како оклопи од же­лезо; а шумот на нивните крилја беше како шум на коли со многу коњи кога трчаат во војна. Имаа опашки како скорпиите, и осила; а во своите опашки имаа сила да им пакостат на луѓето пет месеци. И за цар над себе го имаа ангелот на бездната, чиешто име на еврејски е Авадон, а на грчки – Аполион. Едното зло помина, еве идат уште две зла по него. И шестиот ангел затруби, и чув еден глас од четирите рога на златниот жртвеник, што е пред Бога, кој му зборуваше на шестиот ангел, кај кого беше трубата: „Ослободи ги че­тирите ангела, врзани кај големата река Еуфрат!“ И беа одврзани четирите ангела, што беа приготвени за часот и денот, за месецот и годината, за да убијат една третина од луѓето. Бројот на коњаниците беше двесте милиони – го чув нивниот број. И така во видение ги видов коњите и оние кои јаваа на нив, што имаа огнени и синкасти и сулфурни оклопи. Главите на коњите беа како глави од лавови, а од нивната уста излегуваше оган, чад и сулфур. А од тие три напасти – огнот, чадот и сулфурот, што излегуваа од нивните усти, умре една третина од луѓето, бидејќи силата на коњите е во нивната уста и во нивните опашки; зашто нивните опашки наликуваа на змии, имаа глави и со нив пустошеа. А останатите луѓе, што не загинаа од тие зла, не се покајаа за делата на своите ра­це – та да не се поклонуваат на демони и на идоли златни и сребрени, и бронзени, и камени и дрвени, кои не мо­жат ниту да гледаат, ниту да слушаат, ниту да одат; и не се покајаа за своите убиства, ниту за своите вражби, ниту за својот блуд, ниту за своите кражби. И видов друг силен ангел како слегува од небото, обвиен со облак, над главата имаше виножито, а неговото лице беше како сонце, додека нозете како огнени столбови; во раката тој држеше отворена книга; и ја постави својата десна нога над морето, а левата – над земјата; и извика со силен глас, како што ри­ка лав; а кога извика, седумте громови проговорија со своите гласови. И кога седумте громови проговорија со своите гласови, сакав да пишувам. Но, чув глас од небото, кој ми велеше: „Запечати го тоа што го зборуваа седумте громови, и немој да го пишу­ваш!“ И ангелот, кого го видов како стои над морето и над земјата, ја крена својата рака кон небото и се заколна во Оној што живее во вечни векови и Кој го создал небото и сѐ што е на него, земјата и сѐ што е на неа, и морето и сѐ што е во него, дека не ќе има веќе време, но во деновите, кога седмиот ангел ќе се огласи и ќе затруби, тогаш ќе се изврши тајната на Бога, како што Тој им благовестеше на Своите слуги – проро­ците. И гласот што го бев чул од небото, одново ми прозборе и рече: „Оди, земи ја отворената книшка од рацете на ангелот што стои над морето и над земјата!“ Тогаш отидов кај ангелот и му реков: „Дај ми ја книшката!“ Тој ми од­говори: „Земи ја и изеди ја! Во стомакот таа ќе ти биде горчлива, но во устата ќе ти биде слатка како мед.“ Ја зедов книгата од рацете на ан­ге­лот, и ја изедов и во устата ми беше слатка како мед, а кога ја изедов, ми беше горчлива во стомакот. И ми рече: „Треба повторно да пророкуваш меѓу мноштво народи, племиња, јазици и цареви.“ И ми се даде мерна трска слична на жезол, и ми беше кажано: „Стани и измери го Божјиот храм и жртвеникот и оние што се поклонуваат во него. А надворешниот двор на храмот остави го и не мери го, бидејќи им е даден на нез­набошците: тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеци. И ќе им дадам на двајца Мои сведоци, да проро­куваат илјада двесте и шеесет дена и тоа облечени во вреќи.“ Тие се двете маслинови дрвца и два­та светилника што стојат пред Гос­по­да­рот на Земјата. И, ако некој сака да им наштети, оган ќе излезе од нивната уста и ќе ги проголта нивните неприја­те­ли; и ако некој посака да им наштети, така и тој мора така да биде убиен. Тие имаат власт да го затворат небото за да не паѓа дожд во деновите на нивното пророкување, и имаат власт над водите да ги претвораат во крв и да ја поразат земјата со секаква напаст, кога и да посакаат. И кога ќе го завршат своето сведоштво, тогаш ѕверот што се искачува од бездната, ќе завојува со нив, и ќе ги победи, и ќе ги убие. А нивните трупови ќе ги остави по улиците на големиот град, кој духовно се нарекува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ беше распнат. И многу од народите, родовите, јазиците и племињата ќе ги гледаат нивните трупови три и пол дена и нема да дозволат нив­ните трупови да бидат положени во гроб. И жителите на земјата ќе се зарадуваат и развеселат поради нив, и ќе си праќаат подароци еден на друг, бидејќи тие двајца пророци ги мачеа оние што жи­веат на земјата. Но по три и пол дена во нив влезе дух на живот од Бога, и тие се исправија на своите нозе, и голем страв ги опфати оние што ги гледаа. И слушнаа силен глас од небото што им вели: „Искачете се ваму!“ И се искачија на небото во облак, и нивните непријатели ги ви­доа. Во тој час настана голем земјотрес и една десетина од градот се сруши; и од земјотресот загинаа седум илјади човечки имиња, а останатите, пак, се исплашија и Му оддадоа слава на небесниот Бог. Второто зло мина. Ете, скоро иде третото зло. Затруби и седмиот ангел, и по небото одекнаа силни гласови, кои викаа: „Царството на светот стана цар­ство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Тој ќе царува во вечни ве­кови!“ И дваесет и четирите старешини, кои седеа пред Бога на своите престоли, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бога, велејќи: „Ти благодариме, Господи Боже Седржителу, Кој си, Кој беше и Кој ќе бидеш, зашто ја прими Својата голема сила и се зацари! Народите се разгневија, но дојде Твојот гнев и времето да им се суди на мртвите и да им дадеш награда на Твоите слуги – на пророците и на светиите кои имаат стравопочит кон Твоето име, на ма­лите и големите, и да ги уништиш оние што ја уништуваа земјата!“ Тогаш на небото се отвори Божјиот храм, и се покажа ковчегот на Господовиот завет во Неговиот храм; и настанаа молњи, гласови, громови, земјотрес и голем град. И голем знак се покажа на небото: жена, облечена во сон­цето; под нејзините нозе беше месечината, а на нејзината глава – венец од дванаесет ѕвезди. Таа беше бремена и викаше од породилни болки, и се мачеше да роди. И се покажа друг знак на небото, и ете, голем огненоцрвен змеј со седум глави и десет рогови, а на неговите глави имаше седум круни; неговата опашка повлече една третина од небесните ѕвезди и ги фрли на земјата. Змејот застана пред жената што требаше да роди, та, кога ќе роди, да го изеде нејзиното дете. И роди машко дете, син што ќе ги води сите народи со железен жезол; и детето ѝ беше грабнато и однесено кај Бога и Неговиот престол. А жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена. И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели започнаа војна против змејот, а и змејот и неговите ангели завојуваа, но не издржаа, и не им се најде веќе место на небото. И беше исфрлен змејот – старата голема змија, наречена ѓавол и сатана, што ја заведува целата вселена, беше со­бо­рен на земјата, и заедно со него беа соборени и неговите анге­ли. И чув силен глас на небото како зборува: „Сега настана спасението и си­лата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, бидејќи е исфрлен клеветникот на нашите браќа, кој дење и ноќе ги клеветеше пред нашиот Бог. Тие го победија со крвта на Јагнето и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за својот живот дури до самата смрт. Затоа веселете се, небеса, и вие што живеете на нив! Но, тешко вам, земјо и море, зашто ѓаволот слезе кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време!“ А кога змејот виде дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената што го беше родила машкото дете. И ѝ се дадоа на жената две крилја како на голем орел за да одлета во пустината на своето место, за таму да се храни време и времиња и половина време, далеку од лицето на змијата. И змијата испушти од својата уста вода како река по жената, та реката да ја однесе. Но земјата ѝ помогна на жената: ја отвори земјата својата уста и ја проголта реката што ја беше испуштил змејот од својата уста. И се разгневи змејот на жената, и отиде да војува со останатите од нејзиното потомство што ги пазат Божјите заповеди и го чуваат сведоштвото на Исус. И застанав на морскиот песок. И видов како од морето излег­ува ѕвер со десет рогови и седум глави; на неговите рогови имаше десет круни, а на неговите глави – богохулни имиња. Ѕверот што го видов прилегаше на леопард: нозете му беа како кај мечка, а устата – како уста на лав. И змејот му ја даде својата сила, и својот престол, и голема власт. И една од неговите глави како да беше смртно ранета, но смртната рана му заздраве. Тогаш се за­чуди целата земја и тргна по ѕверот; и му се поклонија на змејот што му беше дал власт на ѕверот; му се покло­нија и на ѕверот, велејќи: „Кој е како ѕверот, и кој може да војува со него?“ Нему му се даде уста да зборува горделиво и хулно; и му се даде власт да војува четириесет и два месеца. И ја отвори устата за хулење против Бога, да го хули Неговото име, Неговото живеалиште и оние што живеат на небото. И му се даде да војува против светиите и да ги победи; му се даде власт над секој род, народ јазик и племе. И ќе му се поклонат сите што живеат на земјата, чиишто имиња не се запишани во книгата на животот на Јагнето Коешто е заклано од создавањето на светот. Кој има уво, нека чуе: кој во ропство води, во ропство ќе биде одведен; кој со меч убива, од меч ќе биде убиен. Тука е трпението и верата на светиите. И видов друг ѕвер како излегува од земјата. Тој имаше два рога како кај јагне и зборуваше како змејот. Ја извршува сета власт на првиот ѕвер во негово присуство и ја присилува целата земја и нејзините жители да му се поклонат на првиот ѕвер, чијашто смртна рана се беше излечила; и правеше големи знаци, дури предизвика и оган да слегува од небото на земјата пред луѓето. И заведуваше од моите, од оние што живеат на земјата со знаците што му беа дадени да ги врши пред ѕверот, велејќи им на земните жи­тели да му направат образ од ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив. И му се даде да вложи дух во образот на ѕверот, та ѕверовиот образ да проговори и да направи да бидат убиени оние што нема да се поклонат пред образот од ѕверот. И ги тераше сите – мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови – да им се стави белег на нивната десна рака или на нивните чела, та никој да не може ни да купува, ниту да продава, освен оние што го има­ат белегот, или името на ѕверот или бројот на неговото име. Тука е мудроста. Кој има ум, нека го пресмета бројот на ѕверот, бидејќи е број на човек, и бројот му е шестотини шеесет и шест. И видов: ете, Јагнето стоеше на гората Сион, и со Него сто четириесет и четири илјади, што го имаа на своите чела напишано Неговото име и името на Неговиот Отец. И чув глас од небото како шум од многу води и како звук од силен гром; и гласот што го чув беше како глас на лиристи што свират на своите лири и како да пееја нова песна пред престолот и пред четирите суштества и старешините; и никој не можеше да ја научи песната, освен оние сто чети­ри­есет и четири илјади што беа откупени од земјата. Тие се оние што не се осквернија со жена, бидејќи се девствени; тие се оние што го следат Јагнето каде и да оди, Тие се откупени меѓу луѓето како првенци на Бога и на Јагнето, и во нивната уста не се најде лага; зашто тие се непорочни. И видов друг ангел како лета среде небото, кој имаше вечно благовестие, за да им благовести на земните жители, и на секое племе, род, јазик и народ. Тој зборуваше со силен глас: „Имајте стравопочит кон Бога и оддадете Му слава, зашто настапи часот на Не­го­виот суд, и поклонете Му се на Оној што ги создаде небото и земјата, морето и водните извори!“ И друг, втор ангел се појави по него, ве­лејќи: „Падна великиот Вавилон, кој сите народи ги напои со жестокото вино на својот блуд!“ И друг, трет ангел дојде по него, зборувајќи со висок глас: „Кој ќе му се поклони на ѕверот и на неговиот образ, и прими белег на своето чело или на својата рака, тој ќе пие од виното на Божјиот гнев, неразводнето, излеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде ма­чен со оган и сулфур пред светите ан­гели и пред Јагнето. И чадот од нивното мачење ќе се издига во вечни векови, и нема да имаат починка ни дење, ни ноќе оние што ќе се поклонат на ѕверот и на неговиот образ, и секој што ќе го прими белегот на неговото име!“ Тука е трпението на светиите; на оние кои ги пазат Божјите заповеди и верата во Исус. Чув глас од небото како вели: „Напиши – блажени се мртвите кои отсега умираат во Господ! Да – вели Духот – за да се одморат од својот труд, зашто нивните дела ги следат!“ И видов: ете, бел облак, и на облакот седеше сличен на Синот Човечки; на Својата глава Тој имаше златен венец, а во раката – остар срп. И друг ангел излезе од храмот и из­вика со силен глас кон Оној што седеше на облакот: „Замавни со српот и жнеј, зашто дојде часот да се жнее, бидејќи житото на земјата е зрело!“ И Оној што седеше на облакот го фрли својот срп на земјата и земјата бе­ше ожнеана. И друг ангел излезе од храмот, што се наоѓаше на небото, и имаше исто така остар срп. И друг ангел, кој имаше власт над огнот, излезе од жртвеникот и со силен глас извика кон оној што имаше остар срп, велејќи: „Замавни со својот остар срп и обе­ри го грозјето од земното лозје, зашто гроздовите му се веќе зрели!“ И ангелот го фрли својот срп на земјата, го обра земното лозје и го фрли во големата преса на Божјиот гнев, и се изгмечи пресата надвор од гра­дот, и потече крв од пресата дури до уздите на коњите, во ширина на илјада и шестотини стадии. И видов друг знак на небото, голем и чудесен: седум ангела што ги држеа седумте последни казни, заш­то со нив ќе се заврши Божјиот гнев. И видов нешто како стаклено море, измешано со оган; и на стакленото море како стојат оние што го победуваат ѕверот, и неговиот образ и бројот на неговото име, имајќи Божји лири. И ја пееја песната на Мојсеј, Бож­јиот слуга, и песната на Јагнето, ве­леј­ќи: „Големи и чудесни се Твоите дела, Господи Боже Седржителу! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Цару на народите! Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и нема да го прослави Твоето име? Зашто само Ти си свет; зашто си­те народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе; бидејќи се објавија Твоите праведни судови!“ Потоа видов: се отвори на небото храмот на скинијата на сведоштвото. И седумте ангели што ги држеа седумте напасти, излегоа од храмот, облечени во чисти и светли ленени облеки и опашани преку градите со златни појаси. И едно од четирите суштества на седумте ангели им даде седум златни чаши, полни со гневот на Бога, Кој жи­вее во вечни векови. И се исполни храмот со чад од славата на Бога и од Неговата сила, и никој не можеше да влезе во храмот до­дека не се извршија седумте напасти на седумте ангела. И чув од храмот силен глас како им вели на седумте ангели: „Одете, излејте ги седумте чаши со Божјиот гнев на земјата!“ И отиде првиот и ја излеа својата чаша на земјата; и се појавија лоши и лути чирови по луѓето, што го имаа белегот на ѕверот и се поклонуваа на неговиот образ. И вториот ангел ја излеа својата чаша во морето: и тоа стана како крв од мртовец; и секоја жива душа во морето изгина. Третиот ангел ја излеа својата чаша во реките и во водните извори, и тие се претворија во крв. И го чув ангелот на водите како вели: „Праведен си Ти, Кој си и Кој беше, Кој си свет, зашто така пресуди, бидејќи тие пролеаја крв на светии и пророци, и Ти им даде да пијат крв – заслужуваат!“ И чув друг како зборува од жрт­ве­ни­кот: „Да, Господи Боже Седржителу, вистинити и праведни се Твоите судови!“ И четвртиот ја излеа својата чаша врз сонцето; и му се даде да ги жа­ри луѓето со оган. И силна жега ги опфати луѓето, и го похулија името на Бога Кој има власт над тие напасти, и не се покајаа да Му оддадат слава. И петтиот ја излеа својата чаша врз престолот на ѕверот; и неговото царство се помрачи и луѓето ги гризеа своите јазици од болка и Го похулија небесниот Бог по­ра­ди своите болки и чирови, но не се покајаа за своите дела. И шестиот ја излеа својата чаша во големата река Еуфрат; и пресуши нејзината вода за да се приготви патот за царевите од исток. И видов од устата на змејот и од устата на ѕверот и од устата на лажниот пророк излегоа три нечисти духа, како жаби; зашто тие се демонски духови што прават знаци; тие одат кај царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во великиот ден на Бога Седржителот. „Ете, Јас доаѓам како крадец; бла­жен е оној кој бдее и ја пази својата облека за да не оди гол и да не го видат неговиот срам!“ И ги собра на местото наречено на еврејски Армагедон. И седмиот ја излеа својата чаша врз воздухот; и од престолот на небес­ни­от храм излезе силен глас кој извика: „Се сврши!“ И се појавија молњи, гласови и громови, и настана силен земјотрес, таков голем и силен потрес, каков што немало откако постојат луѓе на земјата. Големиот град се раздели на три дела, и градовите на незнабошците паднаа; а великиот Вавилон беше спомнат пред Бога за да му се даде чашата со вино од јароста на Неговиот гнев. Сите острови исчезнаа, и гори веќе не се најдоа. И град, голем како талант, падна од небото врз луѓето; а луѓето Го похулија Бога поради напаста од градот, зашто таа напаст беше многу голема. Потоа дојде еден од седумте ангели, што ги имаа седумте чаши, и зборуваше со мене, велејќи ми: „Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница која седи над многу води; со неа блудничеа земните цареви, и со виното на нејзиниот блуд се опија жителите на земјата!“ И ме одведе со духот во пустина: и видов жена како седи на црвен ѕвер, кој беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови. А жената беше облечена во пурпур и скерлет и накитена со злато, со драгоцени камења и бисери. Во својата рака држеше златна чаша, полна со гнасотија и нечистотија од нејзиниот блуд. А на челото ѝ беше напишано име­то: „Тајна, великиот Вавилон, мајка на блудниците и на земните гнасотии.“ И ја видов жената како се опива со крвта на светиите и со крвта на Исусовите сведоци; и се зачудив многу ко­га ја видов. И ми рече ангелот: „Што се чудиш? Јас ќе ти ја кажам тајната на женава и на ѕверот, што ја носи и има седум глави и десет рогови. Ѕверот, што го виде ти, беше и го нема; тој ќе излезе од бездната и ќе за­гине; и земните жители, чии имиња не се запишани во книгата на животот од созданието на светот, ќе се зачудат, ко­га ќе видат дека ѕверот беше и го нема, но повторно ќе дојде. Овде е умот што има муд­рост. Седумте глави се седумте го­ри врз кои седи жената; тие се и седум цареви, од кои петмина паднаа, едниот постои, другиот уште не дошол; и кога ќе дојде, треба малку да остане. И ѕверот што беше и кого што го нема, е осми; тој е еден од седумте и ќе оди во пропаст. А десетте рогови, што ги виде, се десет цареви, кои уште не при­миле царства, туку како цареви ќе примат власт само за еден час заедно со ѕверот. Тие се едномислени, и својата сила и власт ќе му ги предадат на ѕверот. Тие ќе војуваат против Јагнето, и Јагнето ќе ги победи, зашто Тоа е Гос­подар над господарите и Цар над царе­ви­те; и оние што се со Него, се повикани и избрани и верни.“ И ми рече: „Водите што ги виде, каде што седи блудницата, тоа се лу­ѓето и народите, племињата и јазиците. А десетте рогови, што ги виде и ѕверот, ќе ја замразат блудницата, ќе ја опустошат и соголат, и нејзиното месо ќе го изедат, а неа на оган ќе ја изгорат. Зашто Бог им даде во нивните срца да ја извршат Неговата намера, да дејствуваат едномислено и да го дадат своето царство на ѕверот, додека не се извршат Божјите зборови. А жената што ја виде ти, е голе­ми­от град што царува над земните цареви.“ По ова видов како слегува од небото друг ангел, кој имаше го­лема власт: и земјата беше осветлена од не­го­вата слава. Тој извика со силен глас, велејќи: „Падна великиот Вавилон, и стана демонско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух, засолниште на сите нечисти и гадни птици; зашто сите народи пиеја од виното на гневот на нејзиниот блуд и земните цареви блудничеа со неа, а земните тр­гов­ци се збогатија од моќта на нејзиниот раскош!“ И чув друг глас од небото како вели: „Излезете од неа, народе Мој, за да не соучествувате во нејзините гревови, и да не примите од нејзините напасти; бидејќи нејзините гревови стигнаа до небото, и Бог си спомна за нејзините неправди. Возвратете ѝ како што и таа ви возврати вам и дајте ѝ двојно според нејзините дела; со чашата, со која ве честела, почестете ја двојно. Колку што се прослави себеси и живееше раскошно, толку мака и жалост вратете ѝ. Зашто во своето срце вели: ’Седам како царица, не сум вдовица и жалост нема да видам.‘ Затоа во еден ден ќе дојдат нејзините казни: смрт, жалост и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто силен е Господ Бог Кој ја суди. И ќе заплачат и ќе заридаат по неа земните цареви, кои блудничеа со неа и живееја раскошно, кога ќе го видат чадот од нејзиното горење; и стоејќи оддалеку, од страв пред нејзините маки ќе велат: ’Тешко, тешко, голем граду Вавилоне, граду силен, зашто во еден час дојде твојата пресуда!‘ И земните трговци ќе плачат и лелекаат за неа, бидејќи нивната стока нема веќе никој да ја купува; стока од злато и сребро, од дра­го­цени камења и бисери, од висон и порфир, од свила и скерлет, секакво миризливо дрво и секаков сад од слонова коска: секаков сад од скапоцено дрво, од бакар, железо и мермер; и цимет и темјан, миро и ливан, ви­но и масло, брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, чо­веч­ки тела и души. И овошјата што ти ги посакува душата, се отстранети од тебе, и сето богатство и сјај исчезнаа за тебе, и нема веќе да ги најдеш. Трговците, кои со тие стоки се збо­га­тија од неа, ќе стојат оддалеку од страв пред нејзините маки, и плачејќи, и ридајќи ќе велат: ’Тешко, тешко тебе, голем граду, облечен во висон, порфир и скерлет, украсен со злато, драгоцени камења и бисери, зашто во еден миг пропадна толку големо богатство!‘ И секој што некаде плови, и сите морнари, и оние што работат на море, застанаа оддалеку и гледајќи го чадот од нејзиното горење, велеа: ’Кој беше како овој голем град?‘ И ги посипаа своите глави со прав и со плачење и лелекање викаа и велеа: ’Тешко, тешко тебе, голем граду со чии скапо­це­ности се збогатија сите што имаа ко­раби по море; зашто за еден миг за­пусте!‘ Весели се поради тоа, небо, и вие светии и апостоли и пророци, зашто Бог му пресуди за сѐ што ви стори! Тогаш еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички, па го фрли во морето и рече: ’Со таков замав наеднаш ќе пропадне Вавилон, великиот град, и ќе го нема веќе!‘ И глас на лиристи, пејачи, свирачи и трубачи во тебе нема веќе да се чуе; никаков уметник од која и да е уметност нема веќе да се најде во тебе, шум од воденица нема веќе да се чуе во тебе. И светлина од светилник нема веќе да свети во тебе, и глас на младо­же­нец и невеста нема веќе да се чуе во те­бе, бидејќи твоите трговци беа големци на земјата, зашто преку твоите ма­гии се заблудија сите народи. И во него се најде крв од пророци и светии, и од сите што беа заклани на земјата.“ Потоа чув силен глас како од големо мноштво на небото, кој веле­ше: „Алилуја, спасение и слава и сила на нашиот Бог, зашто Неговите судови се вистинити и праведни; бидејќи Тој ја осуди големата блудница којашто со своето блудство ја расипа земјата, и ја одмазди крвта на Своите слуги, врз нејзината рака.“ И повторно рекоа: „Алилуја! Нејзиниот чад се издига во вечни векови!“ И паднаа дваесет и четирите старешини и четирите суштества, та Му се поклонија на Бога, Кој седи на престолот велејќи: „Амин, алилуја!“ А од престолот излезе глас, кој ве­ле­ше: „Фалете Го нашиот Бог сите Негови слуги, и вие, што се плашите од Него, мали и големи!“ И чув глас како од големо мноштво, глас како од многу води, и како глас од сил­ни грмотевици, кој велеше: „Алилуја, зашто се зацари Господ Бог, Сед­р­жи­те­лот! Да се радуваме и да се веселиме и да Му оддадеме слава, бидејќи дојде свадбата на Јагнето, и Неговата жена се при­готви! И ѝ се даде да се облече во светол и чист висон.“ А висонот се праведните дела на светиите. И ми рече: „Напиши – блажени се поканетите на свадбената вечера кај Јагнето!“ И ми рече: „Ова се вистински Божји зборови!“ И паднав пред неговите нозе да му се поклонам; но тој ми рече: „Стој, јас сум слуга како и ти и твоите браќа, што го имаат Исусовото сведоштво; покло­ни Му се на Бога, зашто Исусовото сведоштво е духот на пророштвото!“ И го видов небото отворено, и ете, бел коњ и Оној што го јава се ви­ка Верен и Вистинит, и праведно суди и војува; очите Му се огнен пламен, а врз неговата глава многу круни со напишаното име никој не го знае освен Него. И облечен е во облека потопена во крв, и името му е Слово Божјо. А небесните војски, облечени во бел и чист висон, врвеа по Него на бели коњи. Од Неговата уста излегува остар меч од двете стрни, за да ги порази со него незнабожците. Тој ќе ги пасе со железен жезол и ќе ја столчи пресата со вино на јароста на гневот на Бога Седржителот. И врз облеката и врз Неговото бедро напишано е името: „Цар на царевите и Господар на господарите.“ Потоа видов ангел како стои на сонцето; тој извика со силен глас и им рече на сите птици што летаа среде небото: „Долетајте и соберете се на големата Божја вечера, да јадете месо на цареви, месо на заповедници, месо на силни, месо на коњи и на нивните јавачи, и месо на сите – слободни и робови, мали и големи!“ Тогаш го видов ѕверот и земните цареви и нивните војски собрани за да завојуваат против Оној што седеше на коњ, и Неговата војска. Ѕверот беше фатен, а заедно со него и лажниот пророк, кој правеше знаци пред него, та ги заведе оние што беа примиле белег од ѕверот и се покло­ну­ваа на неговиот образ: и двајцата беа живи фрлени во огненото езеро со за­па­лен сулфур; останатите, пак, беа убиени со мечот што излегуваше од устата на Оној што седеше на коњот. И сите птици се на­си­тија од нивното месо. И видов како од небото слегува ангел кој го имаше клучот од бездната и голем синџир во својата рака. И го фати змејот, древната змија, која е ѓаволот и сатаната, заблудувачот на целата вселена, и го врза за илјада години; и го фрли во бездната и го заклучи и стави печат врз него за да не ги заведува веќе народите, додека не се навршат илјада години; по ова тој треба да биде пуштен за малку време. И видов престоли и седнати на нив, на коишто им беше дадено да судат, а и ду­шите на обезглавените заради Исусовото сведоштво и словото Божјо, а и оние што не се поклонија на ѕверот ниту на неговиот образ, и не примија белег на своето чело и на својата ра­ка и оживеаја и царуваа со Хрис­тос илјада години. Останатите, пак, од умрените не ожи­ве­аја додека не се навршија илјада години. Ова е првото воскресение. Блажен и свет е оној што учествува во првото воскресение; над таквите втората смрт нема власт, а ќе бидат свештеници на Бога и на Христос и ќе царуваат со Него илјада го­дини. А кога ќе се навршат илјада години, сатаната ќе биде пуштен од својот затвор, и ќе излезе да ги заведува народите по четирите краишта на земјата, и Гог и Магог, да ги собере за војна; нивниот број е колку морскиот песок. Тие се искачија по земјината површина и го опколија живеалиштето на светиите и возљубениот град; но слезе оган откај небото од Бога и ги проголта. А ѓаволот, што ги заведуваше, беше фрлен во езеро од оган и сулфур, каде што се ѕверот и лажниот пророк; тие ќе бидат мачени дење и ноќе во вечни векови. И видов голем бел престол и Оној што седи на него, од Чиешто лице побегнаа земјата и небото, и за нив не се најде место. Потоа ги видов мртвите, големи и мали, како стојат пред престолот; се отво­рија книги, и друга книга се отвори – книгата на животот; и мрт­вите беа судени според запишаното во книгите, спо­ред нивните дела. Морето ги предаде мртвите, кои беа во него; и смртта и адот ги предадоа мртвите, кои беа во нив; и секој прими суд според своите дела. А смртта и адот беа фрлени во огненото езеро. Ова е втората смрт. И кој не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во огненото езеро. И видов ново небо и нова земја, зашто првото небо и првата земја поминаа, и морето го немаше веќе. Го видов и светиот град, новиот Ерусалим, како слегува откај небото од Бо­га, подготвен како невеста украсена за својот маж. И чув силен глас од небото како збо­рува: „Ете, Божјата скинија е со луѓето, и Тој ќе жи­вее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив. И ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе; ни жалост, ни лелек, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.“ И Оној што седи на престолот рече: „Ете, сѐ правам ново.“ И ми рече: „Напиши, зашто овие зборови се верни и вистинити.“ Потоа ми рече: „Се сврши! Јас сум Алфа и Омега, почетокот и крајот. На жедниот ќе му дадам бесплатно од изворот на живата вода. Оној што победува, ќе го наследи сето ова, и ќе му бидам Бог, а тој ќе Ми биде син. А на плашливците и неверниците, на поганите и убијците, на блудниците и маѓесниците, на идолопоклониците и на сите лажливци, делот им е во езерото што гори со оган и сулфур, ова е втората смрт.“ И дојде еден од се­дум­те ангела, што ги држеа седумте чаши, полни со седумте последни напасти, ми прозборе и рече: „Дојди, ќе ти ја по­кажам невестата – жената на Јагнето.“ Па ме одведе преку Духот на една голема и висока гора и ми го покажа светиот град Ерусалим, кој слегуваше откај небото, од Бога, и ја имаше Божјата слава; неговата светлина прилегаше на најскапоцен ка­мен, кристално сјаен како камен јаспис; тој имаше голем и висок ѕид, дванаесет порти, а на портите дванаесет ангела и напишани имињата на дванаесетте племиња на синовите Израилеви: од исток – три порти, од север – три порти, од југ – три порти, од запад – три порти. Ѕидовите на градот имаа дванаесет темели, и врз нив дванаесет имиња на дванаесетте апостоли на Јагнето. Оној што зборуваше со мене имаше за мерка златна трска за да го измери градот и неговите порти и неговите ѕидови. Градот лежеше на четири агла, а неговата должина е иста со ширината. Тој го измери градот со трската – дванаесет илјади стадии; неговата должина, ширина и висина се еднакви. Потоа ги измери неговите ѕидови – сто четириесет и четири лакти, со човечка мерка која е и ангелска. Ѕидовите му беа изградени од јас­пис; а градот – од чисто злато, како чис­то стакло. Темелите на градските ѕидови беа украсени со секаков вид скапоцени камења: првиот темел – јаспис, вториот – сафир, третиот – халкидон, четвртиот – смарагд, петтиот – сардоникс, шестиот – сард, седмиот – хрисолит, осмиот – ви­рил, деветтиот – топаз, десеттиот – хри­сопрас, единаесеттиот – јакинт, дванаесеттиот – аметист. А дванаесетте порти – дванаесет бисери: секоја порта беше од еден би­сер; улицата на градот беше од чисто зла­то прозрачно како стакло. Храм, пак, не видов во него, зашто неговиот храм е Господ Бог Седржителот и Јагнето. И градот немаше потреба ни од сонце, ни од месечина за да го осветлуваат, зашто Божјата слава го осветлува, а светилник му е Јагнето. И народите ќе одат во не­говата светлина, и земните цареви ќе ја принесат во него својата слава и чест. А неговите порти нема да се за­клу­чуваат дење, зашто ноќ таму нема да има. И ќе ја принесат во него славата и чес­та на народите; и ништо не­чисто нема да влезе во него, ни оној што врши гнасни работи и лаже, туку само оние што се запишани во книгата на животот на Јагнето. И ми покажа река со вода на животот, бистра како крис­тал, која извираше од престолот на Бога и на Јагнето. Среде неговата улица и од двете стра­ни на реката имаше дрво на животот, што раѓа плодови дванаесет пати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служат за исцелување на народите. И нема веќе да има никакво прок­летство; престолот на Бога и на Јагнето ќе биде во него и Неговите слуги ќе Му служат. Тие ќе го гледаат Неговото лице, а Неговото име ќе им биде на нивните чела. И таму не ќе има ноќ, ниту потреба од светило и од сончева светлина, бидејќи Господ Бог ќе ги осветлува, и ќе царува во вечни векови. И ми рече: „Овие зборови се верни и вистинити; и Господ Бог на духовите на пророците, го испрати Својот ангел, за да им покаже на Своите слуги што ќе стане наскоро. И еве, доаѓам скоро; блажен е оној кој ги пази зборовите на пророштвото од оваа книга!“ И јас, Јован, го чув и го видов ова; и кога го чув и видов, паднав за да се поклонам пред нозете на ангелот што ми го покажа ова. Но тој ми рече: „Застани, немој, и јас сум слуга како и ти, и твоите браќа – пророците и оние што ги пазат збо­ро­ви­те на оваа книга. Поклони Му се на Бога!“ И ми рече: „Не запечатувај ги зборовите на пророштвото од оваа книга, бидејќи времето е блиску! Кој врши неправда, уште нека врши неправда; и кој е нечист, уште нека се валка; и кој е праведен, уште нека врши правда; и кој е свет, уште нека се осветува. Еве, ќе дојдам скоро, и Мојата плата е со Мене, за да му дадам секому според неговите дела. Јас сум Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Почетокот и Крајот! Блажени се оние што ги исполнува­ат Неговите заповеди, за да имаат право на дрвото на животот и да влезат во градот низ портите. А надвор се кучињата, маѓесниците, блудниците, убијците, идолопокло­ни­ците и секој што ја сака лагата и лаже. Јас, Исус, го испратив Својот ангел да ви го посведочи ова по црквите. Јас сум коренот и потомокот Давидов, сјајната ѕвезда Деница.“ И Духот и невестата велат: „Дојди!“ И кој ќе чуе, нека каже: „Дојди!“ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека зе­ме бесплатно од водата на животот. Јас му сведочам на секој што ги слуша зборовите на пророштвото од оваа кни­га. Ако некој нешто додаде кон нив, не­му Бог ќе му ги даде напастите опишани во оваа книга. И ако некој одземе од зборовите на книгата на ова пророштво, Бог ќе го од­земе неговиот дел од дрвото на животот и од светиот град, што се опишани во оваа книга. Зборува оној што го сведочи ова: „Да, ќе дојдам скоро!“ – Амин! „Да, дој­ди, Господи Исусе!“ Благодатта на Господ Исус Христос нека биде со сите светии. Амин!